The Old Testament of the Holy Bible
1 Во почеток Бог ги создаде небото и земјата. 2 Земјата беше пуста и празна; темнината се простираше над бездната, и Божјиот Дух се движеше над водите. 3 И Бог рече: „Нека биде светлина!” И бидна светлина. 4 И Бог виде дека светлината е добра; и Бог ја оддели светлината од темнината. 5 Бог ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ. И бидна вечер, па утро - прв ден. 6 И Бог рече: „Нека биде свод среде водите, да ги дели водите од води!” 7 Бог направи свод, и ги оддели водите под сводот од водите над сводот. И бидна така. 8 А Бог го нарече сводот небо. И бидна вечер, па утро - втор ден. 9 И Бог рече: „Нека се соберат на едно место водите под небото, и нека се покаже копно!” И бидна така. 10 Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро. 11 И Бог рече: „Нека изникне земјата со зеленило - со семеносна трева, со плодоносно дрво, кое - секое според својот вид - ќе донесува на земјата плод, што го носи своето семе во себе!” И бидна така. 12 И никна од земјата зеленило, трева што се осеменува, секоја според својот вид, и плодоносно дрво што раѓа плод, што го носи своето семе во себе, според својот вид. И Бог виде дека е добро. 13 И бидна вечер, па утро - трет ден. 14 И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините, 15 и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!” И бидна така. 16 И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите. 17 И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата, 18 да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро. 19 И бидна вечер, па утро - четврти ден. 20 И Бог рече: „Нека обилуваат водите со живи суштества; и птици нека летнат над земјата, по небесниот свод!” 21 Бог создаде морски чудовишта и секакви живи суштества, што ползат и се движат по водите и крилати птици од секаков вид. И Бог виде дека е добро. 22 И ги благослови Бог - велејќи: „Плодете се и множете се и наполнете ги морските води! И птиците нека се размножат по земјата!” 23 И бидна вечер, па утро - петти ден. 24 И Бог рече: „Земјата нека произведе живи суштества, секое според неговиот вид: добиток, лазачи и земни ѕверови според нивниот вид!” И бидна така. 25 И Бог направи земни ѕверови според нивниот вид, и добиток според неговиот вид, и сите лазачи на земјата според нивниот вид. И Бог виде дека е добро. 26 И Бог рече: „Да направиме човек во Нашиот лик, според Нашата сличност, и нека владеат над морските риби, над небесните птици и над добитокот - над сета земја - и над сите лазачи што ползат по земјата!” 27 Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско. 28 И Бог ги благослови и им рече Бог: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!” 29 И Бог рече: „Еве, ви ги давам сите треви, што се осеменуваат, по целата земја, и секое плодоносно дрво, што го носи своето семе во себе: нека ви биде за храна! 30 А на сите ѕверови земни и на сите птици во воздухот и на сите лазачи што ползат по земјата, во кои е здивот на животот - нека им е за храна сето зелено билје!” И бидна така. 31 И Бог виде сè што направи, и ете, беше многу добро. И бидна вечер, па утро - шести ден.
1 Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство. 2 И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи. 3 И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи. 4 Тоа се раѓањата на небото и земјата, кога беа создавани. Во денот кога Господ, Бог, ги правеше земјата и небото, 5 уште немаше никакво полско растение по земјата, уште немаше никнато никакво зеленило, зашто Господ, Бог, уште не пушти дожд на земјата, и го немаше човекот да ја обработува земјата. 6 Но се креваше пареа од земјата, и ја натопуваше почвата на целата земја. 7 Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа. 8 И Господ, Бог, насади градина на исток, во Еден, и таму го смести човекот, кого го обликува. 9 Тогаш Господ, Бог, направи та од земјата изникна секое дрво - убаво за погледот и добро за храна - и дрвото на животот, среде градината, и дрвото за познавање на добро и зло. 10 Река извираше од Еден за да ја натопува градината; оттаму беше раздвоена, и настанаа четири главни реки. 11 Името на првата е Фисон, а ја обиколува целата Евилска Земја, во која има злато. 12 Златото на таа земја е добро, а има таму и бделиј и ониксов камен. 13 Името на втората река е Гион, а ја обиколува целата земја Хус. 14 Третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија; четвртата река е Еуфрат. 15 Господ, Бог, го зеде човекот и го постави во Еденската Градина, за да ја обработува и да ја чува. 16 Господ, Бог, му заповеда на човекот, велејќи: „Јади слободно од секое дрво во градината, 17 но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!” 18 И Господ, Бог, рече: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.” 19 Тогаш Господ, Бог, ги обликува од земја сите животни во полето и сите птици во воздухот, и ги приведе при човекот, за да види како ќе ги нарече, па како човекот ќе го именува секое суштество, така да му биде името. 20 Човекот им даде имиња на сиот добиток, на птиците во воздухот и на секое животно во полето. Но за човекот не се најде помош соодветна на него. 21 Тогаш Господ, Бог, му нанесе длабок сон на човекот та тој заспа, и му извади едно од неговите ребра, а местото го исполни со месо. 22 Од реброто што го зеде од човекот Господ, Бог, обликува жена и ја доведе при човекот. 23 Тогаш човекот рече: „Сега најпосле, тоа е коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!” 24 Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело. 25 А обајцата беа голи, човекот и неговата жена, но не се срамуваа.
1 Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа и рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?” 2 Жената и рече на змијата: „Смееме да јадеме плод од дрвата во градината. 3 Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече: ‘Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!’” 4 А змијата и рече на жената: „Навистина, не ќе умрете! 5 Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.” 6 Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше. 7 Тогаш на двајцата им се отворија очите, и согледаа дека се голи. Сплетоа смоквини лисја и си направија прегачи. 8 Тогаш го чуја гласот на Господа, Бога, Кој шеташе горе-долу во градината за време на денскиот ветрец. И се сокрија - човекот и неговата жена - пред Господа, Бога, меѓу дрвјата во градината. 9 Господ, Бог, го повика човекот и му рече: „Каде си?” 10 Тој одговори: „Го чув Твојот глас во градината, се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив.” 11 Тогаш му рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?” 12 Човекот рече: „Жената, која Ти ми ја даде со мене, таа ми даде од дрвото, па јадев.” 13 Господ, Бог, и рече на жената: „Што е тоа што го стори?” „Змијата ме измами, па јадов,”- рече жената. 14 Тогаш Господ, Бог, и рече на змијата: „Бидејќи го направи тоа, проклета да бидеш меѓу сите ѕверови и меѓу секое полско животно! По мевот ќе се влечеш и прав ќе јадеш Сите денови на својот живот! 15 Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и Нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата.” 16 А на жената и рече: „Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки ќе ги раѓаш децата. Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе.” 17 А на човекот му рече: „Затоа што го послуша гласот на својата жена, та јадеше од дрвото за кое ти заповедав велејќи: ‘Не ќе јадеш од него!’ Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот! 18 Ќе ти раѓа трње и троскот, а ти ќе јадеш полски растенија. 19 Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен - прав си, и во прав ќе се вратиш.” 20 Човекот и го даде името Ева на својата жена, зашто таа стана мајка на сите живи. 21 И Господ, им направи облеки од кожи на човекот и на неговата жена, и ги облече. 22 И Господ, Бог, рече: „Еве, човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото. Да не ја испружи сега раката, и да набере од дрвото на животот па да јаде и да живее вечно!” 23 Затоа Господ, Бог, го испрати надвор од Еденската Градина, за да ја обработува земјата, од која е и земен. 24 И го истера човекот; и насели источно од Еденската Градина, херувими со пламенен меч, кој се вртеше околу, за да го штитат патот, кон дрвото на животот.
1 Адам ја позна својата жена Ева, а таа зачна и го роди Каина, па рече: „Добив машко чедо со помош на Господа!” 2 Потоа го роди Авела, братот Каинов; Авел стана сточар, а Каин земјоделец. 3 И еден ден Каин Му принесе на Господа жртва од плодовите на земјата. 4 А и Авел принесе од првородените на својот добиток, и од мрсното. Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва, 5 а ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва. Затоа Каин се налути многу, и лицето му се смени. 6 И Господ му рече на Каина: „Зошто си лут? Зошто ти е сменето лицето? 7 Зашто ако работиш право, светиш од насмеаност. А ако не работиш право, гревот ти лежи пред врата, што дебне врз тебе; но ти уште можеш да му се спротивиш.” 8 Каин пак му рече на својот брат Авел: „Ајде да излеземе!” И откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби. 9 Потоа Господ го праша Каина: „Каде е брат ти Авел?” „Не знам - одговори - зар сум јас чувар на својот брат?” 10 Господ продолжи: „Што направи? Слушај! Крвта на твојот брат вика кон Мене од земјата. 11 Затоа биди проклет на земјата, што ја отвори устата за да ја прими крвта на брата ти, од твојата рака! 12 Ќе ја обработуваш земјата, но таа веќе не ќе ти го дава својот род. Ќе бидеш вечен скитник на земјата!” 13 А Каин Му рече на Господа: „Мојата казна е премногу тешка, за да се поднесува. 14 Еве, денес ме тераш од плодната почва; треба да се кријам од Твоето лице и да бидам вечен скитник на земјата - кој ќе ме најде, може да ме убие.” 15 А Господ му рече: „Не! Туку кој ќе го убие Каина, врз него ќе биде извршена седмократна одмазда!” И Господ му стави знак на Каина, за да не го убие некој, кој ќе го сретне. 16 Каин отиде од пред Господовото лице во земјата Нод, источно од Еден, и таму се насели. 17 Каин ја позна својата жена, па таа зачна и го роди Еноха. 18 На Еноха му се роди Ирад, а од Ирада потекнува Мехујаил; од Мехујаила потекнува Метусаил; од Метусаила, Ламех. 19 Ламех зеде две жени. Едната се викаше Ада, а другата Села. 20 Ада го роди Јавала, кој стана прататко на оние што живеат под шатори со добитокот. 21 Името на брата му беше Јувал. Тој е прататко на сите кои свират на харфа и кавал. 22 Села го роди Тувал-Каина, прататко на оние, кои коват орудија од бронза и железо. Името на Тувал-Каиновата сестра и беше Наама. 23 Ламех им рече на своите жени: „Адо и Село, послушајте го мојот глас; Ламехови жени, чујте ја мојата беседа: убив човек, зашто ме рани, и дете, зашто ме удри. 24 Ако Каин биде одмазден седмократно, Ламех ќе биде седумдесет и седумкратно!” 25 Адам ја позна својата жена, па таа роди син и му го даде името Сит. Таа рече: „Бог ми даде друго дете место Авела, кого Каин го уби.” 26 На Сит му се роди син, кому тој му го даде името Енос. Тогаш почнаа да го повикуваат Господовото име.
1 Ова е книгата на родословието Адамово: кога Господ го создаде човекот, го направи според Божјото подобие; 2 создаде машко и женско. А кога ги создаде, ги благослови и ги нарече - човек. 3 Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит. 4 По Ситовото раѓање, Адам живееше осум стотини години; и му се родија уште синови и ќерки. 5 Адам поживеа вкупно девет стотини и триесет години. Потоа умре. 6 Кога на Сит му беа сто и пет години, му се роди Енос. 7 По Еносовото раѓање Сит живееше осум стотини и седум години, па му се родија уште синови и ќерки. 8 Сит поживеа вкупно девет стотини и дванаесет години. Потоа умре. 9 Кога на Енос му беа деведесет и три години, му се роди Кенан. 10 По Кенановото раѓање, Енос поживеа осум стотини и петнаесет години, па му се родија уште синови и ќерки. 11 Енос поживеа вкупно девет стотини и пет години. Потоа умре. 12 Кога Кенан имаше седумдесет години, му се роди Малалеил. 13 По Малалеиловото раѓање, Кенан поживеа осум стотини и четириесет години, и му се родија уште синови и ќерки. 14 Кенан поживеа вкупно девет стотини и десет години. И умре. 15 Кога Малалеил наполни шеесет години, му се роди Јаред. 16 По Јаредовото раѓање, Малалеил поживеа осум стотини и триесет години, та му се родија уште синови и ќерки. 17 Малалеил живееше вкупно осум стотини деведесет и пет години. Потоа почина. 18 Кога Јаред имаше сто и шеесет и две години, му се роди Енох. 19 По Еноховото раѓање Јаред живееше осум стотини години, па му се родија уште синови и ќерки. 20 Јаред живееше вкупно девет стотини шеесет и две години. Потоа умре. 21 Кога на Енох му беа шеесет и пет години, му се роди Матусал. 22 Енох одеше со Бога. По Матусаловото раѓање Енох живееше триста години, и му се родија уште синови и ќерки. 23 Енох поживеа вкупно триста шеесет и пет години. 24 Енох одеше со Бога, потоа исчезна; Бог го зеде. 25 Кога Матусал имаше сто осумдесет и седум години, му се роди Ламех. 26 По Ламеховото раѓање Матусал живееше седум стотини осумдесет и две години, па му се раѓаа уште синови и ќерки. 27 Матусал поживеа вкупно девет стотини шеесет и девет години. И умре. 28 Кога Ламех наполни сто осумдесет и две години, му се роди син. 29 Му го даде името Ное, велејќи: „Овој ќе нè утеши, во трудот и во напорот на нашите раце, од земјата, која Бог ја проколна.” 30 По Ноевото раѓање Ламех живееше петстотини деведесет и пет години, и му се раѓаа уште синови и ќерки. 31 Ламех поживеа вкупно седум стотини седумдесет и седум години. Потоа почина. 32 Откако Ное поживеа пет стотини години, му се родија Сим, Хам и Јафет.
1 Кога луѓето почнаа да се множат по земјата и им се народија ќерки, 2 Божјите синови гледаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, кои ќе ги избереа. 3 Тогаш Господ рече: „Мојот Дух нема да остане довека во човекот; човекот е телесен, па векот нека му биде сто и дваесет години.” 4 Во оние времиња - а и подоцна - на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца. Тоа се оние, од стари времиња, по сила прочуени луѓе. 5 Господ виде колку е голема човековата расипаност на земјата и дека секоја мисла во неговата памет секогаш е само зло. 6 Господ воздивна и се натажи во Своето срце дека го создаде човекот на земјата. 7 Господ рече: „Ќе ги истребам луѓето што ги создадов од лицето на земјата - од човекот до ѕверот, ползачите и птиците во воздухот - зашто се покајав што ги создадов.” 8 Ама Ное најде благодат во Господовите очи. 9 Еве го Ноевото родословие: Ное беше праведен и непорочен човек во свое време. Ное одеше со Бога. 10 Три сина му се родија на Ное: Сим, Хам и Јафет. 11 Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства. 12 И кога Бог виде како се расипа земјата - та секое суштество на земјата се изопачило - 13 Бог му рече на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата. 14 Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор. 15 А ќе го направиш вака: бродот нека биде триста лакти во должина, педесет во ширина, а триесет лакти во височина. 16 Направи му отвор за светлина на бродот, заврши го на лакт до врвот; направи врата на бродот отстрана; направи три ката во него: долни, среден и горен. 17 Еве, Јас ќе пуштам потоп - води на земјата - за да загине секое суштество под небото, сè во што има животен дух: сè на земјата треба да загине. 18 А со тебе ќе склучам Завет; ти ќе влезеш во бродот - ти и твоите синови со тебе, твојата жена и жените на твоите синови. 19 А од сè што е живо - од сите суштества - воведи во бродот по две од секое, за да преживеат со тебе, и нека бидат машко и женско. 20 Од птиците според нивните видови, од животните според нивните видови, и од сите суштества што ползат по почвата според нивните видови: по две од сите нека влезат кај тебе, за да преживеат. 21 Земи со себе сè за јадење па чувај го, за да има храна за тебе и за нив.” 22 Ное направи така. Сè како што му заповеда Бог, така стори.
1 Тогаш Господ му рече на Ное: „Влезете: ти и сето твое семејство во бродот, зашто видов дека единствено ти си праведен пред Мене во ова време. 2 Земи со себе од сите чисти животни по седум двојки: машкото и неговата женка. 3 Исто така од небесните птици по седум двојки - машкото и женката - за да им се запази семето на земјата. 4 Зашто, по седум дена, ќе пуштам дожд на земјата: четириесет денови и четириесет ноќи, та ќе го истребам од лицето на земјата секое живо суштество, што сум го создал.” 5 Ное направи сè, како што му нареди Господ. 6 Ное имаше шестотини години кога потопот дојде на земјата. 7 И пред потопните води влегоа во бродот со Ное: неговите синови, неговата жена и жените на неговите синови. 8 Од чистите животни и од животните што не беа чисти, од птиците, од сè што лази по земјата, 9 влегоа по две - машко и женско - во бродот, со Ное, како што Бог му заповеда на Ное. 10 А на седмиот ден, потопните води заплискаа врз земјата. 11 Во оној ден - на шестотата година на Ноевиот живот, во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот - бликнаа сите извори на бездната, се отворија сите небесни брани. 12 И дожд удри да паѓа по земјата четириесет денови и четириесет ноќи. 13 Во оној ден влегоа во бродот Ное и неговите синови: Сим, Хам и Јафет, Ноевата жена и трите жени на Ноевите синови со нив; 14 тие, и сите видови животни: добитокот, лазачите што ползат по земјата, птиците и разновидни крилести суштества, 15 влегоа во бродот со Ное, по две од сите суштества што имаат во себе жива душа. 16 Сè што влезе беше двојка: машки и женски пол од сите суштества, како што Бог му нареди на Ное. Тогаш Господ ја затвори вратата зад него. 17 Поројниот дожд паѓаше на земјата четириесет денови; водите растеа постојано и го носеа бродот: се дигна високо над земјата. 18 Водите надоаѓаа бујно над земјата и растеа високо, а бродот пловеше по површината. 19 Водите поплавуваа сè посилно и растеа над земјата, така што ги покрија сите највисоки планини под небото. 20 Водите се креваа петнаесет лакти над потонатите планини. 21 Загинаа сите суштества што се движеа по земјата: птиците, добитокот, ѕверовите, сите лазачи и сите луѓе. 22 Сè што имаше животно дишење во своите носалки - сè што беше на копното - загина. 23 Беше истребено секое суштество од земјината површина: човекот, животните, лазачите и небесните птици, сè беше збришано од земјата. Останаа само Ное и оние што беа со него во бродот. 24 Водите се задржаа над земјата сто и педесет денови.
1 Тогаш Господ си спомна за Ное, за сите ѕверови и за сиот добиток што беше со него во бродот, па го раздвижи ветерот над земјата, за да ја отстрани водата. 2 Изворите на бездната и небесните брани се затворија, и дождот од небото запре. 3 Водите се повлекуваа бавно од земјата. По сто и педесет денови водите стивнаа, 4 а во седмиот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, бродот застана на горите на Арарат. 5 Водите намалуваа непрекратно до десеттиот месец, а на првиот ден на десеттиот месец се покажаа планинските врвови. 6 Кога поминаа четириесет денови, Ное го отвори прозорецот, што го имаше направено на бродот; 7 и пушти гавран, што постојано одлетуваше и долетуваше, додека водите не се исушија од земјата. 8 Потоа пушти гулаб, за да види дали ја снема водата од земјата. 9 Но гулабот не најде место за своите нозе и се врати при него, во бродот, зашто водата ја покриваше целата земна површина; тој ја испружи раката, го фати гулабот и го внесе кај себе, во бродот. 10 И почека уште седум дена, пак го испрати гулабот од бродот. 11 Навечер гулабот се врати при него, и ете, во клунот имаше свеж маслинен лист; така Ное научи дека водите спаднаа на земјата. 12 Потоа почека уште седум дена и пак го пушти гулабот: и тој веќе не се врати при него. 13 Во шест стотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец, на првиот ден на месецот, водата пресуши на земјата. Ное го дигна покривот на бродот и погледна, и ете, површината на земјата беше окопнета. 14 А во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, земјата беше сува. 15 Тогаш Бог му рече на Ное: 16 „Излезете од бродот: ти, твојата жена, твоите синови и твоите снаи со тебе. 17 Изведи ги, со себе, сите живи суштества, сите созданија што се со тебе: птиците, добитокот и сите лазачи, што ползат по земјата; нека се разотидат по земјата, нека се плодат и нека се множат на земјата.” 18 И Ное излезе, а со него и: неговите синови, неговата жена и неговите снаи. 19 И сите животни, сите лазачи, сите птици - сите созданија што се движат по земјата - излегоа од бродот, вид по вид. 20 И Ное Му изгради жртвеник на Господа; зеде од секое чисто животно и од секоја чиста птица и принесе на жртвеникот жртви паленици. 21 Господ го помириса пријатниот мирис и рече во Своето срце: „Никогаш повеќе нема да ја проколнувам земјата заради човекот; зашто човековите мисли се лоши од неговиот почеток; ниту некогаш ќе ги уништам сите живи суштества, како што направив. 22 Сè додека постои земјата, никогаш нема да прекратат: сеидба и жетва, студот и горештината, летото и зимата, денот и ноќта.”
1 Тогаш Бог ги благослови Ное и неговите синови и им рече: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата. 2 Нека се плашат и нека треперат од вас сите животни на земјата, сите птици во воздухот, 3 сè што се движи и живее нека ви биде за храна; ви дадов сè како што ви ја дадов зелената трева. 4 Само не јадете го месото со неговиот живот, односно со неговата крв. 5 А за вашата крв, за вашиот живот, ќе барам сметка: ќе ја барам од секое животно; и од човекот за неговиот брат; ќе барам сметка за човечкиот живот. 6 Кој пролее човечка крв, Човек ќе ја пролее неговата крв! Зашто Бог го создаде човекот Според Својот образ. 7 А вие, плодете се и множете се, наполнете ја земјата и подложете ја под себе!” 8 Уште Бог им рече на Ное и на неговите синови, со него: 9 „Еве, Јас го склучувам Својот Завет со вас и со вашето потомство, после вас, 10 и со сите живи суштества што се со вас: со птиците, со добитокот, со ѕверовите, - со сè што излезе, со вас од бродот - со сите живи суштества на земјата. 11 Го поставувам Својот Завет со вас, така што никогаш повеќе потопните води нема да ги уништат живите суштества, ниту пак некогаш потопот ќе ја опусти земјата. 12 И Бог рече: „А ова е знакот на Заветот, Што го склучувам меѓу Себе и вас И со сите живи суштества што се со вас, За идните поколенија: 13 Го сместувам Мојот божилак во облакот, За да биде залог за Заветот, Меѓу Мене и земјата. 14 Кога ќе дотерам облаци над земјата, А божилакот се појави во облакот, 15 Ќе си спомнам за Својот Завет, За Заветот меѓу Мене и вас И секое живо суштество: И потоп повеќе нема да има, За да го истреби секое суштество. 16 Кога божилакот ќе се појави во облакот, Јас ќе го видам И ќе си спомнам за вечниот Завет Меѓу Бога и секоја жива душа, И секое тело на земјата.” 17 И Бог му рече на Ное: „Тоа нека е знак на Заветот, што го склучив меѓу Себе и сите живи суштества на земјата.” 18 Ноевите синови, што излегоа од бродот, беа: Сим, Хам и Јафет. А Хам е прататко на Ханаанците. 19 Тројцава беа Ноеви синови и од нив се насели целиот свет. 20 А Ное почна да ја обработува земјата и посади лозје. 21 Се напи вино и се испијани, па се разголи во својот шатор. 22 Хам, прататкото на Ханаанците, го виде разголениот татко и им го кажа тоа на своите двајца браќа надвор. 23 А Сим и Јафет зедоа наметка, па ја префрлија преку своите раменици и одејќи назадечки ја покрија со неа, татковата голота. Лицата им беа свртени на другата страна, така што не го видоа татка си гол. 24 Кога Ное се отрезни од виното и дозна што му направи најмладиот син, 25 рече: „Проклет да е Ханаан, и да им биде слуга на своите браќа!” 26 Тогаш продолжи: „Благословен да е Господ, Симовиот Бог, а Ханаан ќе му биде слуга! 27 Бог нека го рашири Јафета, аа да живее во Симовите шатори, Ханаан нека му е слуга!” 28 А по потопот Ное поживеа триста и педесет години. 29 Ное живееше вкупно девет стотини и педесет години; и почина.
1 Ова е родословието на Ноевите синови: Сим, Хам и Јафет, на кои им се родија синови после потопот. 2 Јафетови синови: Гомер, Магог, Мадај, Јаван, Тувал, Мосох и Тирас. 3 А Гомерови синови: Асханаз, Рифат и Тогарма. 4 А Јаванови синови: Елисај, Тарсис, Китим и Доданим. 5 Од нив се раширија народите по островите; според своите земји - секој со сопствен јазик - според своите племиња и народи. 6 Хамови синови: Хус, Мицраим, Фут и Ханаан. 7 А Хусови синови: Сева, Евила, Савта, Рама и Савтека. Рамови синови: Шева и Дедан. 8 Од Хус се роди и Нимрод, кој стана прв велемоќник на земјата. 9 Тој беше добар ловец пред Господа. Затоа се вели: „Голем ловец, пред Господа, како Нимрод!” 10 Во почеток тој царуваше над Вавилон, Ерех, Акад и Халне, во Сенарската Земја. 11 Од таа земја излезе Асур и ги изгради: Ниневија, Ровот-Ир, Халах 12 и Ресен, меѓу Ниневија и Халах, што е голем град. 13 Од Мицраим произлегоа: Лудимците, Анамимците, Левиамците, Нафтухимците, 14 Патрусимците, Каслухимците, од кои потекнуваат Филистејците, и Кафторимците. 15 Од Ханаан потекнуваат: неговиот првенец Сидон и Хете. 16 Натаму: Евусејците, Аморејците, Гергесејците, 17 Евејците, Арукејците, Асенејците, 18 Арватците, Цемарејците и Аматејците. Потоа хананските племиња се раширија, 19 така што ханаанските предели се тегнеа од Сидон кон Герар, сè до Газа, па кон Содом и Гомор, Адма и Цевоим до Лаша. 20 Тоа се Хамовите синови, според своите племиња и јазици, според своите земји и народи. 21 А и на Сим - прататко на сите Еверовци и постар Јафетов брат - му се родија синови. 22 Симови синови: Елам, Асур, Арфаксад, Луд и Арам. 23 А Арамови синови: Уз, Ул, Гетер и Маш. 24 И на Арфаксад му се роди Сала, а на Сала му се роди Евер. 25 А на Евера му се родија два сина; името на едниот беше Фалек, зашто во негово време се раздели земјата; а името на неговиот брат беше Јоктан. 26 Од Јоктана се родија: Алмодад, Шалеф, Хацармавет, Јарах, 27 Адорам, Узал, Дикла, 28 Овал, Авимаил, Шева, 29 Офир, Евил и Јовав; сите тие беа Јоктанови синови. 30 Нивните населби се тегнеа од Меша сè до Сефар, планинско подрачје на исток. 31 Тоа се Симовите синови според своите племиња, јазици, земји и народи. 32 Тоа се семејствата на Ноевите синови според нивните поколенија, во нивните народи. Од нив се раширија народите по земјата, после потопот.
1 Целата земја имаше еден јазик и исти зборови. 2 Ама кога луѓето се преселија од исток, најдоа рамница во Сенарската Земја, и се населија таму. 3 И си рекоа еден на друг: „Ајде, да направиме плитари и да ги испечеме во оган!” Плитарите им беа место камен, а смолата место кал. 4 Тогаш рекоа: „Ајде, да си изградиме град и кула, со врв до небото! Да си спечалиме име, за да не се распрснеме по целата земја!” 5 Господ слезе да ги види градот и кулата, што луѓето ги градеа. 6 И Господ рече: „Ете, еден народ се, со еден јазик за сите! Но, ова е само почеток на нивните настојувања. Сега ништо нема да им биде неостварливо, што и да намислат да направат. 7 Да слеземе и да им го измешаме јазикот, за да не се разбираат еден со друг што зборуваат.” 8 Така Господ ги распрсна оттаму по целата земја и прекратија да го ѕидаат градот. 9 Затоа е наречен Вавилон (Мешање), зашто Господ го измеша таму јазикот на целата земја. 10 Овие се Симови потомци: кога Сим имаше сто години - на две години по потопот - му се роди Арфаксад. 11 По Арфаксадовото раѓање, Сим живееше пет стотини години и му се раѓаа уште синови и ќерки. 12 Кога Арфаксад наполни триесет и пет години, му се роди Сала; 13 а по Салиното раѓање Арфаксад живееше четири стотини и три години, и му се раѓаа уште синови и ќерки. 14 Кога Сала имаше триесет години, му се роди Евер; 15 а по Еверовото раѓање Сала живееше четири стотини и три години, и му се раѓаа уште синови и ќерки. 16 Кога Евер имаше триесет и четири години, му се роди Фалек. 17 По Фалековото раѓање, Евер поживеа четири стотини и триесет години, и му се родија уште синови и ќерки. 18 Кога Фалек наполни триесет години, му се роди Рагав. 19 По Рагавовото раѓање, Фалек живееше двеста и девет години, и му се родија уште синови и ќерки. 20 Кога на Рагав му беа триесет и две години, му се роди Серух. 21 По Серуховото раѓање, Рагав поживеа двеста и седум години, и му се народија уште синови и ќерки. 22 Кога Серух имаше триесет години, му се роди Нахор. 23 По Нахоровото раѓање, Серух живееше двеста години и му се родија уште синови и ќерки. 24 Кога Нахор имаше дваесет и девет години, му се роди Тара. 25 По Тариното раѓање, Нахор живееше сто и деветнаесет години, и му се природија уште синови и ќерки. 26 Кога на Тара му беа седумдесет години, му се родија Аврам, Нахор и Аран. 27 Ова е Тарино потомство: На Тара му се родија: Аврам, Нахор и Аран; а на Аран му се роди Лот. 28 Аран почина пред татка си, во својата родна земја, во Халдејски Ур. 29 Аврам и Нахор се оженија. Името на Аврамовата жена беше Сара, а на Нахоровата - Мелха, ќерка на Арам, татко на Мелха и Есха. 30 Сара беше неротка, немаше пород. 31 Тара ги поведе: својот син Аврам, својот внук Лот, Арановиот син, и својата снаа Сара, сопругата на сина си Аврама, и се запати, со нив, од Халдејскиот Ур кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа до Харан, се населија таму. 32 А Тариниот век стигна до двеста и пет години; а тогаш Тара почина во Харан.
1 Господ му рече на Аврама: „Излези од својата земја, од родното место и од татковиот дом; и оди во земјата што ќе ти ја покажам. 2 Ќе направам голем народ од тебе, ќе те благословам, ќе го прославам твоето име и самиот ќе бидеш благослов. 3 Јас ќе ги благословам оние, кои ќе те благословуваат, а ќе ги проколнам оние, кои ќе те проколнуваат. И во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата. 4 Тогаш Аврам тргна, како што му рече Господ. И Лот тргна со него. Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан. 5 Аврам ги поведе со себе: својата жена Сара и својот внук Лот, со целиот имот што го спечалија и со сите луѓе што ги доби во Харан, и сите тргнаа кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа во Ханаан, 6 Аврам ја пропатува земјата до местото Сихем - до дабот Море. Во тоа време Ханаанците живееја во земјата. 7 Господ му се јави на Аврама и рече: „Ќе му ја дадам оваа земја на твоето потомство.” И Аврам му направи таму жртвеник на Господа, Кој му се јави. 8 Оттаму се премести кон ридот, што е на исток од Ветил. Таму го оптегна својот шатор, меѓу Ветил на запад и Гај на исток. И таму Му направи жртвеник на Господа и го повика Господовото име. 9 Потоа Аврам продолжи да патува сè кон југ, кон Негев. 10 Кога настапи глад во земјата, Аврам слезе во Египет да поживее таму, зашто голем глад завладеа во земјата. 11 Кога се наближи до влезот во Египет, и рече на својата жена Сара: „Знам дека си убава жена. 12 Кога Египетците ќе те видат, ќе речат: ‘Тоа е неговата жена’, и мене ќе ме убијат, а тебе ќе те остават жива. 13 Кажи дека си ми сестра, за да ми биде и мене добро заради тебе и да го запазат мојот живот заради твојот збор.” 14 Навистина, кога Аврам влезе во Египет, Египетците видоа дека жената е многу убава. 15 Ја видоа и фараоновите дворјани и му ја пофалија на фараонот и ја одведоа жената во фараоновиот дворец. 16 Тој му направи добро на Аврама заради неа; Аврам имаше овци, говеда, ослиња, слуги, слугинки, ослици и камили. 17 Но Господ ги удри фараонот и неговиот дом со големи проклетства заради Аврамовата сопруга Сара. 18 Тогаш фараонот го повика Аврама и му рече: „Што е тоа што ми направи? Зошто не ми кажа дека ти е жена? 19 Зошто ми рече - сестра ми е - па јас си ја зедов за жена. А сега, ете ти ја жената, земи ја и оди си.” 20 И фараонот му одреди луѓе, кои го испратија со неговата жена и со сè што имаше.
1 Така Аврам излезе од Египет кон Негев, (на југ) со својата жена и со сè што имаше, и Лот отиде со него. 2 Аврам беше многу богат со добиток, сребро и злато. 3 Одеше од место до место, од јужната страна до Ветил, 4 до местото каде го имаше оптегнато неговиот шатор отпорано, меѓу Ветил и Гај, и каде подигна жртвеник. Таму Аврам го повика Господовото име. 5 Исто и Лот, кој го придружуваше Аврама, имаше овци, говеда и шатори, 6 така што земјата не можеше да ги издржува доколку останеа заедно. Нивниот имот беше голем и не можеа да престојуваат заедно. 7 Меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток, избувнуваше спор. Во тоа време Ханаанците и Ферезејците живееја во таа земја. 8 Затоа Аврам му рече на Лота: „Да не спориме јас и ти, ни моите пастири и твоите пастири, зашто сме браќа. 9 Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене! Ако тргнеш налево, јас надесно; ако тргнеш надесно, јас налево.” 10 Лот ги подигна очите и согледа колку е добро наводнувана Јорданската Долина, како некаква Господова градина, како Египетската Земја сè до Сигор, пред Господ да ги истреби Содом и Гомор. 11 Затоа Лот ја избра целата Јорданска Долина и замина на исток. Така се одделија еден од друг. 12 Аврам остана во Ханаанската Земја, додека Лот живееше во градовите на рамницата и ги преместуваше своите шатори до Содом. 13 А жителите на Содом беа многу зли и грешни пред Господа. 14 Господ му рече на Аврама, откако Лот се оддели од него: „Подигни ги своите очи, од местото каде си, и погледај кон север, југ, исток и запад, 15 зашто сета земја, што можеш да ја видиш, ќе ти ја дадам тебе, и на твоето потомство довека. 16 Ќе го направам твоето потомство како прав на земјата. Ако некој може да го изброи правот на земјата, тогаш ќе може да го преброи и твоето потомство. 17 Стани! Помини ја земјата надолж и нашироко, зашто тебе ќе ти ја дадам.” 18 Тогаш Аврам ги крена шаторите и дојде и се насели при дабот Мамра, што е во Хеврон. Таму Му направи жртвеник на Господа.
1 Кога Амарфал беше цар на Сенар, Ариох цар на Елесар, Ходолгомор цар на Елам и Таргал цар на Гоим, 2 тие почнаа војна против Вер, цар на Содом; Варса цар на Гомор; Сенара цар на Адма; Симовор цар на Севоим и против царот на Вала, што е сега Сигор. 3 Сите тие се собраа во Сидимската Долина, каде е денес Соленото Море. 4 Дванаесет години му служеа на Ходолгомор, но на тринаесеттата кренаа востание. 5 Во четиринаесеттата година се кренаа Ходолгомор и царевите што беа со него и ги поразија: Рафајците во Карнаимскиот Астарот и Зузејците во Ам и Омејците во Киријатското Поле, 6 и Хорејците во планинскиот крај Сир, близу до Фаранската Рамница, што е покрај пустината. 7 Оттаму се повлекоа назад и стигнаа во Ен-Миспат, што е сега Кадис, и ја покорија целата земја на Амаликците и на Аморејците, кои живееја во Асасон-Тамар. 8 Потоа истапи царот на Содом и царот на Гомор и царот на Адма и царот на Севоим и царот на Вала, што е сега Сигор, и стапија во борба против оние, кои беа во Сидимската Долина: 9 против Ходолгомор, царот на Елам; Таргал, царот на Гоим; Амарфал, царот на Сенар; Ариох, царот на Еласар - четири цареви против пет. 10 Сидимската Долина беше полна со дупки, од кои вадеа смола; та царевите на Содом и Гомор, бегајќи паднаа во нив, а другите избегаа на планината. 11 Победниците ги зедоа сите богатства на Содом и Гомор и сета нивна храна и си отидоа. 12 Го зедоа и Лот, Аврамовиот внук од брат - кој живееше во Содом - и целиот негов имот, и си отидоа. 13 А еден што се спаси, брат Есхолов и Авнанов, Аврамови сојузници, му ја соопштија веста на Евреинот Аврам, кој живееше при дабот на Аморејска Мамра. 14 Кога Аврам чу дека е заробен неговиот внук, ги собра своите момчиња - родени во неговиот дом - триста и осумнаесет обучени мажи, ги вооружи и тргна во потера до Дан. 15 Ги подели своите момчиња во две групи, ги нападнаа ноќе и ги порази. Ги гонеше до Хова, северно од Дамаск. 16 Го врати целиот имот; го врати и својот внук Лот, со сето негово богатство, а и жените и мажите. 17 Откако се врати, по поразот на Ходолгомор и на царевите, кои беа со него, царот на Содом му излезе во пресрет во Савинската долина, што е Царски Дол. 18 А Малхиседек, царот на Салим, изнесе леб и вино. Тој Му беше свештеник на Сèвишниот Бог. 19 Го благослови велејќи: „Благословен да биде Аврам, Од Сèвишниот Бог, Творец на небото и земјата! 20 Благословеи да биде и Сèвишниот Бог, Кој ти ги предаде непријателите во твои раце!” 21 Тогаш содомскиот цар му рече на Аврама: „Дај ми ги луѓето, а имотот задржи го за себе!” 22 Аврам му одговори на царот на Содом: „Ја кревам раката пред Сèвишниот Господ, Создателот на небото и земјата, 23 и се колнам дека нема да земам ни конче ни ремче за обувка, ни што и да е твое, за да не речеш: ‘Аврам се збогати од мене’, 24 освен она што го изедоа моите момчиња и делот на мажите, кои дојдоа со мене: Авнан, Есхол и Мамриј, тие нека си го земат делот.”
1 По тие настани Бог му испрати слово на Аврама, во видение: „Не бој се, Авраме! Јас Сум твој штит; а твојата награда ќе биде многу голема.” 2 Аврам рече: „Господи Боже, што ќе ми се даровите, кога останав без пород; кога овој Елиезер, од Дамаск, ќе го наследи мојот дом?” 3 Аврам рече уште: „Ете, не ми даде потомство, и слугата роден во мојот дом ќе ми биде наследник.” 4 Ама Господ пак му испрати слово: „Тој нема да стане твој наследник; туку ќе те наследи твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето бедро.” 5 Го изведе надвор и рече: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш.” И му рече: „Толкаво ќе биде твоето потомство.” 6 Аврам Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност. 7 Тогаш Тој му рече: „Јас Сум Господ, Кој те изведе од Халдејскиот Ур, за да ти ја предадам оваа земја во наследство!” 8 А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе знам дека ќе биде моја?” 9 Господ му одговори: „Принеси ми тригодишна јуница, тригодишна коза, тригодишен овен, грлица и гулапче.” 10 Тој Му донесе сè тоа, ги расече наполовина и ги стави половините една спроти друга; птиците не ги пресече. 11 Грабливи птици слетуваа на труповите, но Аврам ги растеруваше. 12 При зајдисонце, длабок сон го опфати Аврама, а тогаш густ мрак се спушти врз него, полн со морничавост. 13 И Господ му рече на Аврама: „Знај дека твоите потомци ќе бидат странци во туѓа земја; ќе робуваат и ќе бидат угнетувани четири стотини години; 14 ама Јас ќе му судам на народот кому ќе му робуваат; и конечно ќе излезат со големо благо. 15 А ти ќе отидеш при своите татковци во мир; ќе бидеш погребан во добра старост. 16 Твоите потомци ќе се вратат тука во четвртото поколение, зашто уште не се исполни мерата на аморејските злодела.” 17 А кога сонцето зајде и падна густа темнина, ете, дим како од печка, а огнен пламен помина меѓу расечените делови. 18 Во тој ден Господ склучи завет со Аврама, велејќи: „Му ја давам земјава на твоето потомство, од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат: 19 земјата на: Кенејците, Кенезијците, Кедмонејците, 20 Хетејците, Ферезејците, Рафаимците, 21 Аморејците, Ханаанците, Гергесејците и Евусејците.”
1 Аврамовата жена Сара не му роди деца. А имаше слугинка Египетка, по име Агара. 2 И Сара му рече на Аврама: „Гледаш, Господ ме направи неплодна. Влези кај мојата слугинка, можеби ќе добијам деца.” Аврам ги послуша Сарините зборови. 3 И така, откако Аврам престојуваше десет години во Ханаанската Земја, неговата жена Сара ја зеде Агара, Египетката, нејзина слугинка, и му ја даде на својот маж Аврам за сопруга. 4 Тој влезе кај Агара и таа зачна. А кога виде дека зачна, гледаше со презирање врз својата господарка. 5 Тогаш Сара му рече на Аврама: „Неправдата што ми се нанесува е твоја вина! Ти ја дадов мојата слугинка во твоите прегратки, но таа откако забележа дека зачна, ме гледа со презир. Господ нека биде судија меѓу нас!” 6 Тогаш Аврам и одговори на Сара: „Ете, твојата слугинка е во твоја рака: постапи со неа како што сакаш.” Сара се однесуваше со неа толку лошо што таа избега од неа. 7 Господов ангел ја најде во пустината, при изворот - на патот кон Сур - 8 и ја праша: „Агаро, Сарина слугинко, откаде доаѓаш и каде одиш?” А таа одговори: „Еве, бегам од својата господарка Сара.” 9 А Господовиот ангел и рече: „Врати се кај господарката твоја и покори и се под нејзините раце! 10 Ангелот Господен уште и рече: „Ќе го умножам мошне твоето потомство; не ќе може да биде избројано поради множеството.” 11 Натаму Господовиот ангел и рече: „Ете, ти си бремена и ќе родиш син. Дај му име Исмаил (Кого Бог Го Слуша), зашто Господ ја чу твојата мака. 12 Тој ќе биде како диво осле: неговата рака ќе се крева на секого, и сечија рака на него; и тој ќе живее, во близина на сите свои браќа.” 13 Таа Го нарече Господа, Кој и зборуваше: „Ти Си Сè видечки Бог (Ел Рои), зашто - таа рече - „Го видов Бога и после видувањето останав жива!” 14 Затоа изворот се вика Вир-Лахај-Рои - Кладенец на Животворниот Сè видечки Бог; а ене го меѓу Кадис и Варад. 15 Агара му роди син на Аврама, а Аврам му даде име Исмаил, на синот што му го роди Агара. 16 Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаила.
1 Кога Аврам имаше деведесет и девет години, Господ му се јави и му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сè моќен Бог, оди по Мојот пат и биди непорочен. 2 А Својот Завет го склучувам со тебе и ќе те размножам многу.” 3 Аврам падна ничкум додека Господ му зборуваше уште: 4 „А ова е Мојот Завет со тебе, ќе станеш татко на многу народи; 5 и повеќе нема да се викаш Аврам (Висок Татко), туку името ќе ти биде Авраам (Татко на Множество), зашто те поставувам за татко на многу народи. 6 Ќе те направам многу плоден; ќе произведам народи од тебе и цареви ќе произлезат од тебе. 7 Го склучив Својот Завет меѓу Мене и тебе и твоето потомство, после тебе - Свој вечен Завет за векови: Јас ќе ви бидам Бог тебе и на твоето потомство, после тебе. 8 Ви ја давам, тебе и на твоето потомство после тебе, земјата, во која престојуваш како придојденец, целата Ханаанска Земја, во вечна сопственост, а Јас ќе им бидам Бог.” 9 Уште Бог му рече на Авраама: „А ти чувај го Мојот Завет - ти и твоето потомство по тебе низ сите родови. 10 А ова е Мојот Завет, со тебе и со твоето потомство после тебе, што треба да го чувате: секое машко меѓу вас нека биде обрезано. 11 Обрезувајте се и тоа нека е знак на Заветот меѓу Мене и вас. 12 Секое машко среде вас, низ вашите поколенија, кога ќе наполни осум дена, нека биде обрезано, како она што е родено во вашиот дом, така и она што е купено со сребро од некој странец, кој не е од вашата крв. 13 Да, и родениот во твојот дом и купениот со сребро треба да биде обрезан! Така Мојот Завет на вашите тела ќе остане вечен Завет. 14 Машкото што не ќе биде обрезано, нека биде истребено од својот род: зашто го нарушило Мојот Завет.” 15 После Бог му рече на Авраама: „На твојата жена Сара не и е повеќе името Сара: името ќе и биде Сбра. 16 Ќе ја благословам неа и ќе ти дадам син од неа; ќе излеам благослов врз неа и ќе стане мајка на многу народи; цареви на народи ќе произлезат од неа.” 17 Авраам падна ничкум и се насмеа и рече во себеси: „Зар може да му се роди дете на оној, кој има сто години? Зар Сбра ќе раѓа во деведесеттата година?” 18 Авраам му рече на Бога: „Нека поживее Исмаил пред Тебе!” 19 А Бог рече: „Сепак твојата жена Сбра ќе ти роди син; дај му име Исак. Својот Завет ќе го склучам со него; вечен Завет со него и со неговото потомство после него. 20 Те послушав и за Исмаила. Еве го благословувам: ќе го направам плоден и ќе го размножам многу; дванаесет кнезови ќе произлезат од него и голем народ ќе направам од него. 21 Но ќе го држам Својот Завет со Исак, кого ќе ти го роди Сбра, догодина во ова време.” 22 Кога го заврши разговорот со него, Бог замина од кај Авраама. 23 Потоа Авраам ги зеде: својот син Исмаил и сите кои беа родени во неговиот дом и сите што ги купи со сребро - сите машки домашни - и ги обреза во истиот ден, како што Бог му рече. 24 Авраам имаше деведесет и девет години кога се обреза, 25 а неговиот син Исмаил имаше тринаесет години кога го обреза. 26 Така во истиот ден беа обрезани Авраам и неговиот син Исмаил; 27 и сите машки во неговиот дом, како родените во неговата куќа, така и купените со сребро од странци - сите беа обрезани заедно со него.
1 Потоа Господ му се јави кај дабот Мамра, додека седеше пред влезот на својот шатор, во дневната жега. 2 Кога ги подигна очите, забележа тројца мажи, како стојат не далеку од него. Штом ги здогледа, се стрча од влезот на шаторот, за да ги пресретне. Им се поклони до земја 3 и рече: „Господи мој, ако најдов милост во Твоите очи, не одминувај го Својот слуга! 4 Нека донесат малку вода и ќе ги измијат Вашите нозе; и одморете се под дрвово. 5 Ќе донесам малку леб да ги поткрепите Своите срца, пред да заминете натаму, зашто навративте при Свој слуга.” Тие одговорија: „Добро, стори како што рече!” 6 Авраам побрза во својот шатор, при Сбра, и и рече: „Бргу! Три мери чисто брашно! Замеси го и испечи погачи!” 7 Тогаш Авраам отрча кај добитокот, фати младо и згоено теле и му го даде на момокот да го зготви набрзина. 8 После зеде маст, млеко и зготвено теле и ги стави пред нив; а самиот стоеше пред нив, додека јадеа. 9 „Каде е жена ти Сбра?”- го прашаа. А тој одговори: „Ене ја во шаторот.” 10 Тогаш еден од нив рече: „Јас пак ќе се вратам при тебе, догодина, во ова време; а твојата жена Сбра ќе има син.” Зад него, на влезот на шаторот, Сбра потслушнуваше. 11 А Авраам и Сбра беа остарени, во напредната возраст. На Сбра и прекрати вообичаеното кај жените. 12 Затоа Сбра се насмеа во себеси и си рече: „Откако овенав, сега ли ќе ја испитам радоста? Освен тоа и мојот господар е стар!” 13 Тогаш Господ го праша Авраама: „Зошто се насмеа Сбра, велејќи: ‘Како ќе родам јас кога сум стара?’ 14 Има ли нешто невозможно за Господа? Ќе се вратам кај тебе откако ќе помине времето на бременоста: Сбра ќе има син.” 15 Тогаш Сбра одрече, велејќи: „Не се смеев.” Дека се исплаши. Но Тој рече: „Да, ти се смееше!” 16 Луѓето станаа и тргнаа кон Содом. Авраам тргна со нив, за да ги испрати. 17 Господ рече: „Зар да го кријам од Авраама она што ќе го сторам, 18 кога од Авраама ќе стане голем и броен народ, и во него ќе бидат благословени сите народи на земјата? 19 Зашто Јас го познавам него, тој ќе ги поучува своите деца и својот дом после него како да одат по Господовиот пат и да прават она што е праведно и добро, така да може Господ да го исполни она што му го вети на Авраама.” 20 Тогаш Господ продолжи: „Голема е викотница против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок. 21 Ќе слезам долу да видам дали прават навистина така, како што вели тужбата што стигна до мене. Сакам да разгледам.” 22 Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам стоеше уште пред Господа. 23 Тогаш Авраам се приближи и рече: „Ќе го погубиш ли и невиниот со виновниот? 24 Можеби има педесет праведници во градот. Зар ќе го уништиш местото и нема да го поштедиш заради педесетте невини, кои се таму? 25 Далеку да е од Тебе тоа да го погубиш невиниот со виновниот, така што и праведниот и нечесниот да поминат исто! Далеку да е од Тебе! Зар ни Судијата на целиот свет нема да суди праведно?” 26 „Ако најдам педесет праведни во градот Содом - одговори Господ - заради нив ќе го поштедам целото место.” 27 „Еве, јас пак се осмелувам да му зборувам на Господа, - пак проговори Авраам. - Јас, кој сум прав и пепел: 28 Можеби ќе има пет праведници помалку од педесет? Дали би го истребил целиот град заради петмината?” „Нема да го разурнам ако најдам таму четириесет и пет,” одговори. 29 Авраам пак рече: „Можеби ќе се најдат таму само четириесет?” Тој одговори: „Нема да го сторам тоа заради четириесетмината.” 30 Потоа рече: „Господ нека не се лути ако продолжам: „Можеби ќе се најдат таму само триесет?” Одговори: „Нема да го направам тоа ако најдам таму само триесет.” 31 Продолжи натаму: „Еве, пак се осмелувам да му зборувам на Господа. Можеби ќе се најдат таму случајно само дваесет?” Тој одговори: „Нема да го истребам градот заради дваесетмината.” 32 Најпосле рече: „Нека Господ не се гневи, ако речам само уште еднаш: Можеби случајно ќе има таму само десет?” Тој одговори: „Нема да го уништам заради десетте.” 33 Кога Господ го заврши разговорот со Авраама, замина, а Авраам се врати во своето место.
1 Вечерта, два ангела стигнаа во Содом, додека Лот седеше под Содомската врата. Кога Лот ги виде, стана и им тргна во пресрет. Им се поклони со лицето до земја, а тогаш им рече: 2 „Ве молам, господари, вратете се во куќата на својот слуга, за да преноќевате и за да си ги измиете нозете; а утре рано тргнете на пат.” А тие рекоа: Не, ќе преноќеваме на улица.” 3 Но тој ги викаше упорно и тие се вратија кај него и влегоа во неговата куќа. Тој ги нагости, им испече бесквасен леб и јадоа. 4 Уште не беа легнале, да одморат, кога жителите на градот, Содомците, млади и стари, целиот народ до последниот човек, ја опкружија куќата. 5 Го викнаа Лота и му рекоа: „Каде се луѓето, кои дојдоа ноќеска кај тебе? Изведи ни ги, за да ги познаеме?” 6 Лот излезе пред нив, на влезот, и ја затвори вратата зад себе. 7 „Браќа мои - им рече тој - ве молам, не правете го тоа зло! 8 Еве, имам две ќерки, до кои маж уште не се допрел: ќе ви ги изведам нив, па правете со нив што сакате; само на овие луѓе не им правете ништо, зашто дојдоа под сенката на мојот покрив.” 9 „Отстапи оттаму! - рекоа. - Дојде како придојденец, а веќе се поставува како судија. Сега ќе ти сториме тебе поголемо зло отколку ним.” И се засилија кон човекот, Лот, и се нафрлија на вратата, за да ја скршат. 10 Тогаш двајцата ги испружија рацете надвор, го повлекоа Лота при себе, и ја затворија вратата; 11 а луѓето пред вратата, младите и старите, ги заслепија со блесок, така што не можеа да ја најдат вратата. 12 Тогаш двајцата го прашаа Лота: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сè што имаш, изведи ги од местово! 13 Зашто ние ќе го истребиме местово: викотницата против нив стана пред Господа, толку голема, што Господ нè испрати да го уништиме.” 14 Лот излезе да им го каже тоа на своите идни зетови, што имаа намера да ги земат неговите ќерки, и рече: „Станете! Заминете од ова место, зашто Господ ќе го уништи градот!” Но на неговите зетови им се стори дека тој се шегува. 15 Кога се замугри, ангелите настојуваа при Лота, велејќи: „Стани! Земи ги својата жена и своите две ќерки, што се тука, за да не бидеш погубен со казната на градот!” 16 Ама тој се двоумеше. Затоа тие го фатија за раце, исто и неговата жена и неговите две ќерки, и - според Господовото смилување над нив - ги одведоа и ги оставија надвор од градот. 17 Штом ги изведоа во полето, едниот проговори: „Бегај, за да го спасиш животот! Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш!” 18 Но Лот одговори: „Не така, господине! 19 Туку, ако твојот слуга најде милост во твоите очи - а веќе ми искажа толкава милост, спасувајќи ми го животот - јас не можам да побегнам во планината, а да не ме најде несреќа и да загинам. 20 Ене град онаму, доста е близу за да побегнам во него, а местото е толку мало. Остави ме да избегам онаму - местото е навистина мало - дај, да го спасам животот!” 21 Му одговори: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш. 22 Бргу! Бегај онаму, зашто не можам да направам нешто додека ти не стигнеш таму.” Затоа градот се вика Сигор. 23 Додека сонцето изгреваше над земјата, Лот влегуваше во Сигор. 24 Господ истури сулфурен оган од небото на Содом и Гомор, 25 и ги уништи оние градови, и сета таа рамница, сите градски жители и сите растенија на земјата. 26 А Лотовата жена се обѕрна, и се претвори во столб од сол. 27 Утреден, рано во мугрите, Авраам поита на местото каде што стоеше пред Господа, 28 го насочи погледот кон Содом и Гомор и кон сета рамница во далечина: и виде како се крева дим над земјата, како дим од некаква печка. 29 И така Бог, додека ги разурнуваше градовите во рамницата, во кои живееше Лот, се сети за Авраама и го отстрани Лота од пропаст. 30 Лот се плашеше да живее во Сигор, па, со своите две ќерки, отиде од Сигор горе и се настани во планината. Тој и неговите две ќерки живееја во пештера. 31 Постарата и рече на помладата: „Татко ни остаре, а на земјата нема маж за да влезе при нас, како што е обичај по цел свет. 32 И така, да го испијаниме со вино нашиот татко, и да легнеме со него: така со таткото ќе го запазиме потомството.” 33 Во онаа ноќ го испијанија таткото со вино, и постарата отиде да легне со татка си, а тој не знаеше ни кога легнала ни кога станала. 34 На другиот ден постарата и рече на помладата: „Ете, сношти јас лежев со татка ни; да го испијаниме и ноќеска, па оди и ти да лежиш со него: така ќе му го запазиме потомството на таткото.” 35 Го испијанија таткото со вино и во таа ноќ, па помладата отиде и легна со него, а тој не знаеше ни кога легнала ни кога станала. 36 Така обете Лотови ќерки забременија од таткото. 37 Постарата роди син и му даде име Моав (Тој е од мојот татко). Тој е прататко на денешните Моавци. 38 И помладата роди син и му даде име Бен-Ами (Тој е син на мојот род). Тој е прататко на денешните Амонци.
1 Оттаму Авраам тргна кон краиштата на Негев и се настани меѓу Кадис и Сур. Додека престојуваше како придојденец во Герар, 2 Авраам рече за својата жена Сбра дека му е сестра. И Авимелех, герарскиот цар, ја зеде Сбра при себе. 3 Но Бог дојде при Авимелеха ноќе, на сон, и му рече: „Треба да умреш заради жената која ја зеде, зашто таа е омажена жена.” 4 А Авимелех не и се беше приближил. Затоа рече: „Господи, зар ќе погубиш праведник? 5 Зар тој не ми рече: ‘Таа ми е сестра.’ А таа сама ми рече: ‘Тој ми е брат.’ Ова го сторив со чиста совест и со иеизвалкани раце” 6 Бог му одговори на сон: „Знам дека тоа го стори со чиста совест; и Јас те задржав да не згрешиш против Мене; и не оставив да се допреш до неа. 7 Сега врати му ја жената на човекот; тој е пророк; ќе моли за тебе, за да останеш во живот. Ако не ја вратиш, знај дека ќе умреш, ти и сите твои.” 8 Рано наутро Авимелех стана, ги свика сите свои слуги и им кажа сè што беше, и луѓето се исплашија многу. 9 Потоа Авимелех го повика Авраама и му рече: „Што ни стори! Со што згрешив јас кон тебе, за да ме изложиш мене, и моето царство, на голем грев? Се однесе кон мене како што не чини. 10 И така, што имаше на ум - го праша Авимелех - кога правеше така?” 11 Авраам одговори: „Навистина сметав дека нема Божји страв во ова место и дека луѓето ќе ме убијат заради мојата жена. 12 Освен тоа, таа е навистина моја сестра: ќерка е на татка ми, иако не и на мајка ми, па ми стана жена. 13 А кога Бог ме оддалечи од татковиот дом, и реков: „Направи ми ја оваа услуга; каде и да дојдеме, кажи за мене дека сум ти брат.” 14 Авимелех зеде овци и говеда, слуги и слугинки и му ги даде на Авраама; му ја врати и жена му Сбра. 15 Потоа Авимелех рече: „Еве, мојата земја ти е отворена. Насели се каде што ќе ти се види за добро!” 16 А на Сбра и рече: „Еве илјада сребреници, што ги давам на твојот брат: нека ти биде превез пред очите на сите кои се со тебе. Ти си секако оправдана.” 17 Авраам му се помоли на Бога, и Бог ги исцели Авимелеха, неговата жена и неговите слугинки, така што пак можеа да раѓаат. 18 Зашто Господ ја затвори секоја утроба, во Авимелеховиот дом, заради Авраамовата жена Сбра.
1 Господ се сети за Сбра како што рече, и стори за неа како што вети: 2 Сбра зачна и му роди на Авраама син, во неговата старост - во времето што Бог го означи. 3 Авраам му даде име Исак на синот, што му го роди Сбра. 4 И по осум дни Авраам го обреза својот син Исак, како што Бог му нареди. 5 А Авраам беше на сто години кога му се роди синот Исак. 6 Сбра рече: „Бог ме направи за потсмев, и секој што ќе го чуе ова, ќе ми се насмее.” 7 Уште додаде: „Кој би му рекол некогаш на Авраама: ‘Сбра ќе ти храни дете!’ Сепак му родив син во старост.” 8 Детето растеше и го одбија од градата. А во денот, кога го одбија Исака, Авраам даде голема гозба. 9 Сбра виде како синот на Египетката Агара, кого му го роди на Авраама, се поигрува со нејзиниот син Исак, 10 и му рече на Авраама: „Изгони ги слугинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката не смее да биде наследник со мојот син - со Исака!” 11 Тоа не му беше мило на Авраама, зашто и Исмаил беше негов син. 12 Но Бог му рече на Авраама: „Да не ти е тешко заради детето и заради својата слугинка; послушај сè што ти вели Сбра, зашто Исаковото семе ќе го овековечи твоето име. 13 И од синот на твојата слугинка, ќе издигнам голем народ, зашто е твој потомок.” 14 Рано наутро Авраам зеде леб и мев со вода па ги даде на Агара; ги стави на нејзините раменици и ја отпушти. Таа скиташе ваму-таму по пустината Вирсавеа. 15 Откако ја потроши водата од мевот, го остави детето под една грмушка, 16 а самата отиде и седна наспроти, далеку колку што може лак да фрли. Велеше во себе: „Нејќам да видам како умира детето.” Седејќи така, почна да плаче. 17 Бог го чу плачењето на детето, и Божји ангел ја повика од небото Агара и и рече: „Што ти е, Агаро? Не бој се! Зашто Бог го чу плачот на детето во неговата неволја! 18 Стани! Крени го детето и утеши го, зашто од него ќе издигнам голем народ.” 19 Тогаш Бог и ги отвори очите и таа забележа извор на вода. Отиде и го наполни мевот со вода, па го напои детето. 20 Бог беше со детето, па растеше и порасте. Живееше во пустината и стана искусен во стрелање со лак. 21 Неговиот дом беше во пустината Фаран; а неговата мајка му доведе жена од Египетската Земја. 22 Во тоа време, Авимелех - кого го придружуваше Филох, заповедник на неговата војска - му рече на Авраама: „Бог е со тебе во сè што правиш. 23 Затоа, заколни ми се сега и тука во Бога, дека нема да нè мамиш ни мене, ниту моите роднини и пријатели, туку дека ќе се однесуваш чесно кон мене и кон земјата во која живееш сега, како што јас се однесов кон тебе.” 24 „Се колнам”, одговори Авраам. 25 Тогаш Авраам го укори Авимелеха заради водниот кладенец, што го присвоија Авимелеховите слуги. 26 А Авимелех рече: „Не знам кој го направил тоа; ни ти не ме извести за тоа, ниту јас чув за тоа, освен денес.” 27 Авраам зеде овци и говеда па му ги даде на Авимелеха, и тие двајца склучија договор. 28 Потоа Авраам оддели настрана седум јагниња од стадото. 29 Тогаш Авимелех го праша Авраама: „Што значат овие седум јагниња, што ги оддели настрана?” 30 А тој одговори: „Прими ги седумве јагниња од моја рака, да ми бидат доказ дека јас го ископав кладенецов.” 31 Затоа местото е наречено Вирсавеа (Заклетвен Кладенец), зашто обајцата се заколнаа таму. 32 Откако склучија сојуз, при Вирсавеа, Авимелех и военачалникот на неговата војска Филох си отидоа и се вратија во земјата на Филистејците. 33 Авраам засади гора при Тамариска Вирсавеа и таму го повика името на Господ - Вечниот Бог. 34 Долго време престоја Авраам во Филистејската Земја како придојденик.
1 По тие настани Бог го стави на проверка Авраама. Го повика: „Аврааме!” Тој одговори: „Еве ме!” 2 Бог продолжи: „Земи го својот син, својот единец Исак, кого го љубиш, и отиди во месноста Морија и принеси го таму како жртва паленица, на ридот што ќе ти го покажам.” 3 Утрото Авраам стана рано, му стави самар на ослето и ги поведе со себе, двајцата свои слуги и сина си Исака, откако пред тоа нацепи дрва за жртва паленица, и се запати кон местото што Бог му го означи. 4 На третиот ден Авраам ги подигна очите и го виде местото оддалеку. 5 Тогаш Авраам им рече на слугите: „Вие останете тука покрај ослето, а јас и детето ќе одиме горе да се поклониме, па ќе се вратиме при вас.” 6 Авраам ги зеде дрвата за жртвата паленица, ги натовари на сина си Исака, а во својата рака зеде оган за потпалување и нож. Така тргнаа двајцата заедно. 7 Тогаш Исак му рече на татка си Авраама: „Татко!” „Еве ме, сине!” се јави тој. „Еве огнот и дрвата - пак рече синот - но каде е јагнето за жртвата паленица?” 8 „Бог Самиот ќе си предвиди за јагнето за жртвата паленица, сине мој!” одговори Авраам. И го продолжија патот. 9 Стигнаа до местото за кое зборуваше Бог. Тогаш Авраам подигна жртвеник, ги нареди дрвата, го врза својот син Исака и го положи над цепениците на жртвеникот. 10 Сега Авраам ја испружи раката и го зеде ножот, за да го заколе сина си. 11 Но Господов ангел од небото го повика и рече: „Аврааме! Аврааме!” „Еве ме!” одговори тој. 12 „Не ја спуштај раката врз детето - рече - ниту му прави нешто! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец.” 13 Ги подигна Авраам очите и виде, и ете, зад него овен сплеткан со роговите во грмушка. Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе во жртва сèпаленица место сина си. 14 Авраам му даде име на тоа место Јахве-Ире (Господ Промислува). Затоа се вели денес: „На Гората На Господовото Промислување.” 15 Господовиот ангел го повика Авраама, од небото, по вторпат 16 и рече: „Се заколнувам Сам со Себеси, Господ вели: бидејќи го направи тоа и не го задржа од Мене својот син единец, 17 ќе го излеам Својот благослов на тебе и ќе го направам твоето потомство многубројно, како ѕвезди на небото и песок на морскиот брег! А твоите потомци ќе ги освојуваат вратите на своите непријатели. 18 Бидејќи ја послуша Мојата заповед, сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство.” 19 Потоа Авраам се врати при своите слуги и заедно се запатија кон Вирсавеа. Авраам се насели во Вирсавеа. 20 По тие настани му соопштија на Авраама: „И на твојот брат Нахор - Мелха му народи деца: 21 неговиот првороденец Уз, брата му Уза; и Камуела - Арамовиот татко, 22 Кеседа, Азава, Филдеса, Едлафа и Ватуела. 23 Ватуел беше Ревекин татко. Тие осуммина му ги роди Мелха на Нахора, Авраамовиот брат. 24 А и неговата соложница, чие име беше Ревма, ги роди: Тавека, Гама, Тахаса и Мааха.
1 Должината на Сбриниот живот беше сто дваесет и седум години. 2 Сбра умре во Киријат Арва, односно во Хеврон, во Ханаанската Земја; и Авраам жалеше за Сбра и тажеше по неа. 3 Потоа Авраам се крена од пред својата покојница и им прозбори на Хетевите синови: 4 „Иако сум јас населен странец меѓу вас, продајте ми земја за гроб среде вас, така да можам да ја изнесам својата покојница и да ја погребам.” 5 А Хетевите синови му одговорија на Авраама и му кажаа: 6 „Послушај нè, господару! Ти си Божји избраник во наша средина. Погреби ја својата покојница во нашиот најдобар гроб. Никој од нас нема да ти го откаже својот гроб, за да можеш да ја погребеш својата покојница.” 7 Тогаш Авраам стана и длабоко им се поклони на месните жители, на Хетевите синови 8 и им рече: „Ако се согласувате со мене да ја отстранам својата покојница и да ја погребам, чујте ме: заземете се за мене пред Саровиот син Ефрон, 9 за да ми ја продаде пештерата Махпела, што му припаѓа нему, а се наоѓа на крајот на неговата нива; нека ми ја продаде, по полна цена, во ваше присуство, во сопственост за погребение.” 10 А Ефрон седеше меѓу Хетевите синови. Потоа Ефрон, Хетеец, му одговори на Авраама, за да чујат Хетевите синови со свои уши - сите што седеа во советот на оној град: 11 „Не, мој господару! Послушај ме! Јас ти ја давам нивата и пештерата што е во неа; ти го подарувам тоа пред сите синови на својот народ. Погреби ја својата покојница.” 12 Авраам им се поклони длабоко на месните жители, 13 а тогаш му проговори на Ефрона, за да чујат месните жители со свои уши: „Ако сакаш, те молам, послушај ме! Ќе ти ја платам вредноста на нивата; прими ја од мене; за да можам да ја погребам таму својата покојница!” 14 Ефрон му одговори на Авраама: 15 „Чуј ме, мој господару: земја во вредност од четири стотини сребреници, што е тоа за тебе и за мене! И така, погреби ја својата покојница!” 16 Авраам се согласи со Ефрона, му исплати онолку, колку што спомна, така што можеа да чујат со свои уши Хетевите синови - четири стотини сребреници, според трговската мера. 17 И така Ефроновата нива во Махпела, спроти Мамвриј - нивата, пештерата и сите дрва што беа во нивата - 18 преминаа во сопственост на Авраама, на очиглед на Хетевите синови, на сите кои седеа во советот на својот град. 19 А тогаш Авраам ја погреба својата жена Сбра во пештерата на нивата Махпела, спроти Мамвриј, а тоа е Хеврон, во Ханаанската Земја. 20 Така нивата и пештерата во неа, преминаа од Хетевите синови во сопственост на Авраама за погребување.
1 Авраам беше остарен, навлезен во години. Господ го благослови Авраама во сè. 2 Авраам му рече на својот најстар слуга во куќата, кој управуваше со сè што беше негово: „Стави ја својата рака под моето бедро, 3 да те заколнам во Господа, во Бога на небото и Бога на земјата, дека нема да земеш за мојот син за жена ниедна од ќерките на Хананците, меѓу кои живеам, 4 туку ќе отидеш во мојот роден крај и ќе му земеш жена на мојот син Исак. 5 А слугата му рече: „А што, ако жената не сака да дојде со мене во оваа земја? Треба ли тогаш да го одведам твојот син во земјата откаде си дошол?” 6 Авраам му одговори: „Внимавај добро да не го вратиш таму мојот син! 7 Господ, Бог на небесата, Кој ме изведе од куќата на мојот татко и од мојот роден крај и Кој ми вети под заклетва: ‘На твоето потомство ќе му ја дадам оваа земја,’ ќе го испрати Својот ангел пред тебе, и оттаму ќе му доведеш жена на мојот син. 8 А ако жената не сака да тргне со тебе, ти ќе бидеш слободен од мојава заклетва; но мојот син не води го таму!” 9 Така слугата ја стави својата рака под бедрото на својот господар Авраам и му се заколна. 10 Слугата подготви десет господареви камили, зеде со себе секакви блага, и се запати за Месопотамија, во Нахоровиот град. 11 Ги остави камилите да клекнат надвор од градот, покрај кладенец. Беше вечер, кога жени излегуваат да налеат вода. 12 Тогаш рече: „О, Господи, Боже на мојот господар Авраам, Те молам, излези ми денес во пресрет и искажи му милост на мојот господар Авраам! 13 Еве ме крај кладенец, а ќерките на оние од градот доаѓаат да нацрпат вода; 14 и нека девицата на која и речам: ‘Те молам, спушти ја твојата врчва да се напијам,’ а таа ми одговори: ‘Пиј! Ќе ти ги напојам и камилите,’ - биде онаа, што си ја одредил за својот слуга Исак. Така ќе разберам дека си покажал милост кон мојот господар.” 15 Штом го дорече тоа, ете! дојде Ревека, ќерка Ватуилова. Тој Ватуил и беше син на Мелха, Авраамова снаа од братот Нахор. Дојде со врчва на рамо. 16 Девојката беше прекрасна, девица која маж не ја допрел. Таа слезе при кладенецот, ја наполни врчвата, и ете ја пак горе. 17 Слугата и се затрча во пресрет и и рече: „Дај ми малку вода од твојата врчва!” 18 „Пиј, господине!” - одговори таа. Брзо ја спушти врчвата на рака и му даде да пие. 19 Откако го напи него, рече: „Ќе им налеам и на твоите камили, за да се напијат.” 20 Откако ја излеа бргу врчвата во поилото, отрча назад до кладенецот за да црпи повторно, и така им налеа на сите негови камили. 21 Човекот ја набљудуваше со молчење, не би ли сознал дали Господ го приведе успешно кон крај неговиот пат или не. 22 Кога камилите прекратија да пијат, човекот извади златна обетка, тешка половина сикал, и и ја стави на нејзините носалки, а на рацете и стави златни гривни, тешки десет сикли. 23 Потоа рече: „Чија ќерка си? Дали има во куќата на татка ти место за нас, да преноќеваме?” 24 Таа му одговори: „Јас сум ќерка на Ватуил, кого Мелха му го роди на Нахора.” 25 Уште рече: „Има кај нас слама и храна во изобилство, а и место за ноќевање.” 26 Човекот тогаш се поклони длабоко, па му искажа почит на Господа, 27 и проговори: „Благословен да биде Господ, Бог на мојот господар Авраам, што не го лиши мојот господар од Својата љубов и од Својата верност. Господ ме водеше мене по прав пат, во куќата на братот на мојот господар.” 28 Девојката отрча и го раскажа сè тоа во куќата на мајка си. 29 А Ревека имаше брат, чие име беше Лаван. Лаван побрза надвор, кон човекот при кладенецот. 30 Штом ги виде носната обетка и гривните на рацете на својата сестра и чу како неговата сестра Ревека рече: „Вака ми зборуваше човекот,” тој тргна кон оној, што уште стоеше до камилите на изворот. 31 Тој рече: „Влези внатре, благословен од Господа! Зошто стоиш надвор? Кога јас ја подготвив куќата и место за камилите.” 32 Така човекот влезе во куќата. Ги растоварија камилите и им дадоа слама и храна; а нему и на луѓето, што го придружуваа, им донесоа вода, за да си ги измијат нозете. 33 Но кога ставија храна пред него, рече: „Нема да јадам додека не кажам што има да кажам.” А Лаван му рече: „Тогаш кажувај!” 34 „Јас сум Авраамов слуга - почна тој. - 35 Господ го благослови мојот господар премногу, па стана богат. Му даде овци и говеда, сребро и злато, слуги и слугинки, камили и ослиња. 36 Сбра, жената на мојот господар, му роди син откако остаре, и му отстапи сè свое. 37 Потоа мојот господар ме заколна мене, велејќи: ‘Не земај за мојот син девојка Ханаанка за жена, во земјата во која живеам како туѓинец, 38 туку отиди во домот на мојот татко, при мојот род, за да најдеш жена за мојот син.’ 39 А јас му реков на својот господар: ‘А што, ако жената не сака да тргне по мене?’ 40 Тој ми одговори: ‘Господ, пред чие лице одев, ќе го испрати Својот ангел со тебе, и твоето патување ќе го доведе до целта, и ти ќе најдеш жена за мојот син од мојот род, од семејството на татка ми. 41 Единствено вака ќе бидеш ослободен од мојата заклетва: ако дојдеш при моите роднини, а тие те одбијат, слободен си од мојата заклетва.’ 42 Денес пристигнав до изворот и реков: ‘Господи, Боже на мојот господар Авраам, ако си волен да го завршам успешно патувањето што го презедов, 43 јас, ете, ќе стојам крај кладенецот, а девојката која ќе дојде да налее вода и јас и речам: „Дај ми да се напијам малку вода од твојата врчва!” - 44 и која ќе ми рече: „Пиј ти, а ќе им нацрпам и на твоите камили!” таа нека биде жената, која Господ ја одреди за синот на мојот господар.’ 45 Штом го свршив зборувањето во себе, кога - ете - се појави Ревека со врчва на рамото; слезе до изворот и нацрпи. Јас и реков: ‘Дај ми да се напијам!’ 46 Таа бргу ја спушти врчвата и одговори: ‘Пиј! А ќе ги напојам и твоите камили.’ Така се напив јас, а таа ги напои и моите камили. 47 Ја прашав: ‘Чија ќерка си?’ Ми одговори: ‘Ќерка сум на Ватуил, кого Мелха му го роди на Нахора.’ Тогаш и ја ставив обетката на нос, а гривните на раце. 48 Се поклонив длабоко и Му искажав почитување на Господа, па Го благословив Бога, Бога на мојот господар, Кој ме водеше по прав пат, за да ја земам ќерката на братот на мојот господар за неговиот син. 49 А сега, ако сакате да искажете љубов и верност кон мојот господар, речете ми; ако ли не, кажете ми го тоа, така да можам да тргнам или надесно или налево.” 50 Тогаш, Лаван и Ватуил одговорија: „Тоа доаѓа од Господа; ние тука не можеме да речеме ни лошо ни добро. 51 Ете, Ревека е пред тебе: земи ја и оди си, нека му биде жена на синот на твојот господар, како што рекол Господ.” 52 Кога Авраамовиот слуга ја чу нивната согласност, Му се поклони на Господа до земја. 53 Потоа слугата извади сребрени и златни предмети, и облеки, и и ги даде на Ревека, а им даде дарови и на нејзиниот брат и на мајката. 54 Тогаш јадеа и пиеја тој и луѓето кои беа со него, и ја поминаа ноќта. Кога станаа утрото, тој рече: „Пуштете ме да се вратам при својот господар!” 55 А нејзиниот брат и мајка и одговорија: „Девојката нека остане со нас уште десет дни, па потоа тргни!” 56 Тој им рече: „Не задржувајте ме, кога Господ го приведе успешно моето патување. Пуштете ме да се вратам при својот господар!” 57 Тие одговорија: „Да ја повикаме девојката и да ја прашаме што мисли таа!” 58 Ја повикаа Ревека и ја прашаа: „Сакаш ли да тргнеш со овој човек?” Таа одговори: „Сакам.” 59 И така ги испратија својата сестра и нејзината доилка, со Авраамовиот слуга и со неговите луѓе. 60 Ја благословија Ревека и и рекоа: „Сестро наша, биди им мајка На неброени илјади; А твоите потомци Да ги заземаат вратите на своите непријатели!” 61 Тогаш Ревека и нејзините прислужнички станаа, ги јавнаа камилите и тргнаа со човекот. Така човекот ја зеде Ревека и замина. 62 Исак се врати од близината на Вир-Лахај-Рои; имено живееше во крајот Негев. 63 Во предвечерје, Исак излезе да се прошета по полето; ги подигна очите и ги виде камилите, како доаѓаат. 64 Кога Ревека, подигнувајќи ги своите очи, го виде Исака, слезе од камилата 65 и го праша слугата: „Кој е оној човек, кој ни иде во пресрет по полето?” А слугата одговори: „Тој е мојот господар.” И таа го зеде превезот и се покри. 66 Слугата му раскажа на Исака сè што извршил. 67 Тогаш Исак ја воведе Ревека во шаторот на својата мајка Сбра и ја зеде за своја жена. Во љубовта кон неа Исак најде утеха по смртта на мајка си.
1 Авраам си зеде уште една жена, по име Хетура. 2 Таа му ги роди: Земрана, Јоксана, Мадана, Мадијама, Есвока и Шуаха. 3 А од Јоксана се родија: Сава и Дедан. Деданови потомци се: Асуримците, Латусимците и Лаомимците. 4 Мадијанови синови се: Гефа, Ефер, Енох, Авида и Елдага. Сите тие се Хетурини потомци. 5 Авраам го пренесе целиот свој имот на Исака; 6 а на синовите на своите соложници Авраам им даде само дарови и уште додека беше жив ги испрати кон исток - далеку од својот син Исак - во Источна Земја. 7 Ова е должината на Авраамовиот живот што го проживеа: сто седумдесет и пет години. 8 Потоа Авраам почина, умре во чесна старост - стар и полн со години - па им се придружи на своите луѓе. 9 Неговите синови, Исак и Исмаил, го погребаа во пештерата Махпела, во нивата на Ефрон, син на Хетеецот Сахар, спроти Мамвриј. 10 Тоа е полето што Авраам го купи од Хетевите синови. Таму се погребани Авраам и неговата жена Сбра. 11 По Авраамовата смрт Бог го благослови неговиот син Исак. Исак живееше близу Вир-Лахај-Рои. 12 Еве го родословието на Авраамовиот син Исмаил, кого му го роди на Авраама Сбрината слугинка, Египетката Агара. 13 А ова се Исмаиловите синови, секој според своето име и раѓање: Исмаиловиот првенец - Навајот, Кидар, Адвеил, Мавсам, 14 Масма, Дума, Маса, 15 Адад, Тема, Етур, Нафис и Кедма. 16 Тоа се Исмаиловите синови и тоа се нивните имиња според нивните населби и шатори: дванаесет кнезови на толку племиња. 17 А ова е должината на Исмаиловиот живот: сто и триесет и седум години. Потоа издивна; умре и им се придружи на своите луѓе. 18 Неговите потомци се населија од Евил до Сур, што е на исток од Египет, кога се оди кон Асирија. Се населија независно од своите браќа. 19 Ова е родословие на Авраамовиот син Исак: Исак се роди од Авраама. 20 Исак беше на четириесет години кога се ожени со Ревека, ќерка на Арамеецот Ватуил од Падан Арам, а сестра на Арамеецот Лаван. 21 Исак му се обрати на Бога за својата жена, зашто беше неродилка. Господ го послуша и неговата жена Ревека зачна. 22 Но децата се судрија така, во нејзината утроба, што таа извика: „Ако е така, зошто да живеам!” И отиде да се посоветува со Господа. 23 И Господ и рече: „Два народа се во твојата утроба; две племиња ќе се одделат од твоето крило. Едниот народ ќе биде посилен од другиот, повозрасниот ќе му служи на помладиот.” 24 Дојде време да роди, кога ете - близнаци беа во нејзината утроба. 25 Се појави првиот. Беше црвен, сиот обрастен како кожна наметка. Затоа го нарекоа Исав. 26 Потоа се појави неговиот брат. Со раката се држеше за петицата на Исава. Затоа го нарекоа со името Јаков. Исак имаше шеесет години, кога се родија тие. 27 Кога децата пораснаа, Исав стана искусен ловец, полски човек. Јаков беше кроток човек и живееше во шатори. 28 Исав му беше помил на Исака, зашто сакаше дивеч, а Ревека го љубеше повеќе Јакова. 29 Еден ден Јаков вареше јадење. Исав дојде од полето, гладен. 30 Исав му рече на Јакова: „Дај ми да јадам од црвеното варило, зашто сум гладен.” Затоа му е името Едом. 31 А Јаков одговори: „Отстапи ми го првин своето првородство!” 32 Исав рече: „Еве ме речиси на умирање; зошто ми е првородството!” 33 Јаков продолжи: „Заколни ми се првин!” Тој му се заколна, и така му го продаде на Јакова своето првородство. 34 Тогаш Јаков му даде на Исава леб и варило од леќа. Јадеше и пиеше, па се крена и си отиде. Така Исав го презре своето првородство.
1 Во земјата настапи глад, различен од поранешниот, што беше за времето на Авраама, па Исак отиде при Авимелеха, царот на Филистејците во Герар. 2 Господ му се јави и рече: „Не слегувај во Египет: живеј во земјата, што ќе ти ја покажам. 3 Настани се во таа земја, Јас ќе бидам со тебе и ќе те благословувам; тебе и на твоето потомство ќе ви ги дадам сите овие земји, за да ја исполнам заклетвата со која му се заколнав на татка ти Авраама. 4 Ќе го умножам твоето потомство како ѕвезди на небесата и на твоето потомство ќе му ги дадам сите овие краеви, така што преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата; 5 бидејќи Авраам го слушаше Мојот глас и им се покоруваше на Моите заповеди, на Моите закони и одредби!” 6 Така Исак остана во Герар. 7 Кога месните жители го прашаа за неговата жена, рече: „Таа ми е сестра.” Се плашеше да рече: „Таа ми е жена,” мислејќи: „Месните жители можат да ме убијат заради Ревека, зашто е убава.” 8 Бидејќи таму се задржаа подолго, царот на Филистејците Авимелех еднаш погледна низ прозорецот и виде дека Исак ја милува својата жена Ревека. 9 И Авимелех го повика Исака и рече: „Така, таа ти е жена! Како можеше да речеш дека ти е сестра?” Исак му одговори: „Зашто мислев дека можам да загинам заради неа.” 10 Авимелех рече: „Зошто ми направи така? За малку еден од мојот народ не легна со твојата жена, и ти би нè вовел нас во грев.” 11 Тогаш Авимелех му објави повелба на својот народ: „Кој ќе се допре до овој човек и до неговата жена, ќе ја изгуби главата.” 12 Исак посеа во онаа земја, и во тоа лето му роди стопати повеќе. Господ го благословуваше, 13 и човекот стануваше сè побогат. 14 Спечали стада со овци и говеда, доби и многу слуги, така што Филистејците му завидеа. 15 Затоа Филистејците ги затрупаа сите кладенци, што ги беа ископале слугите на татка му - во времето на неговиот татко Авраам - и ги наполнија со земја. 16 Тогаш Авимелех му рече на Исака: „Оди си од нас, зашто стана многу посилен од нас!” 17 Така Исак си отиде оттаму. Го оптегна својот шатор во Герарската Долина и се настани таму. 18 Исак пак ги ископа кладенците за вода, што беа ископани во времето на татка му Авраама, а што Филистејците ги беа наполниле со земја по Авраамовата смрт. Тој ги нарече со истите имиња, со кои ги нарече и неговиот татко. 19 Но кога Исаковите слуги, додека копаа во долината, таму најдоа кладенец со жива вода, 20 пастирите од Герар спореа со Исаковите пастири, велејќи: „Водата е наша!” На кладенецот му го даде името Есек, зашто спореа со нив. 21 А кога ископаа друг кладенец, па спореа и заради него, го нарекоа со името Ситна. 22 Тој се пресели оттаму и ископа друг кладенец. Не спореа заради него, па го нарекоа со името Ровот и протолкуваа: „Зашто Господ ни даде пространство за да се намножиме на земјата.” 23 Оттаму се искачи во Вирсавеа. 24 Господ му се јави во истата ноќ и рече: „Јас Сум Бог на татка ти Авраама: Не бој се, Јас Сум со тебе! Ќе те благословам, ќе ти ги умножам потомците, заради својот слуга Авраама.” 25 Исак издигна жртвеник таму и Го повика Господа по име; постави таму свој шатор, а неговите слуги почнаа да копаат кладенец. 26 Тогаш при него дојде Авимелех од Герар, со својот советник Охозат и со Фихол, началник на војската. 27 Исак ги праша: „Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и кога ме истеравте од себе?” 28 Тие одговорија: „Гледаме јасно дека Господ е со тебе: заклетвата нека биде врска меѓу нас и тебе. Дај да склучиме сојуз со тебе: 29 ти нема да ни нанесуваш зло, како што ние не те злоставувавме тебе, туку секогаш постапувавме добро со тебе и те отпуштивме со мир. А сега Господовиот благослов е на тебе.” 30 Тој им даде гозба, па јадеа и пиеја. 31 Рано наутро се заколнаа едни на други. Потоа Исак ги испрати, и тие си отидоа од кај него, со мир. 32 Во истиот ден Исаковите слуги дојдоа и го известија за кладенецот, што го ископаа и му рекоа: „Најдовме вода.” 33 Тој го нарече Савеа. Затоа името на градот до денес е Вирсавеа. 34 Кога Исав беше на четириесет години, ги зеде за жени: Јудита, ќерка на Хетеецот Веири, и Васемата, ќерка на Хетеецот Елон. 35 Тие станаа извор на огорчение за Исак и Ревека.
1 Исак остаре, му гаснеше очниот вид. Затоа го повика својот повозрасен син Исав и му рече: „Сине!” Тој му одговори: „Еве ме!” 2 А тој продолжи: „Гледаш, остарев, а не го знам денот на својата смрт. 3 Затоа земи ја својата спрема, тулот и лакот, па оди во пустината и налови ми дивеч. 4 Тогаш зготви ми вкусно јадење, какво што сакам, па донеси ми да јадам и да можам да те благословам пред да умрам.” 5 Ревека слушаше додека Исак му зборуваше на сина си Исава, и кога Исав отиде во полето да налови дивеч за татка си. 6 Ревека му рече на својот син Јаков: „Ете, чув како татко ти му зборуваше на твојот брат Исав: 7 „Донеси ми дивеч и зготви ми вкусно јадење да јадам, па да те благословам пред Господовото лице, пред да умрам.” 8 А сега, сине мој, послушај ме и направи како што ќе ти наредам. 9 Оди при стадото и донеси ми оттаму две убави јариња, а јас ќе му зготвам од нив на твојот татко вкусно јадење, какво што тој сака. 10 Тогаш ти ќе му однесеш на татка ти да јаде, за да може да те благослови тебе, пред да умре.” 11 Но Јаков и одговори на својата мајка Ревека: „Мојот брат Исав е влакнест, а јас сум без влакна! 12 Можеби татко ми ќе ме допре, и ќе излезам измамник во неговите очи, па ќе навлечам врз себе проклетство, а не благослов.” 13 Ама мајка му му одговори: „Сине мој, твоето проклетство нека падне врз мене! Само ти послушај ме, оди и донеси!” 14 Тој отиде, најде и и донесе на мајка си, а мајка му зготви вкусно јадење, какво што сакаше татко му. 15 Потоа Ревека ја зеде најубавата облека на својот повозрасен син Исав, што ја имаше во куќата, и го облече во неа својот помлад син Јаков. 16 Му ги завитка рацете и голиот дел на вратот со кожа од јариња. 17 Потоа му ги даде во рацете на Јакова: јадењето и лебот, што ги имаше приготвено. 18 Тој отиде при татка си и рече: „Татко!” Тој одговори: „Еве ме. Кој мој син си ти?” 19 А Јаков му одговори на татка си: „Јас сум Исав, твојот првороденец; направив како што ми рече. Сега стани, седни па јади од мојот лов, за да можеш тогаш да ме благословиш.” 20 Исак го праша својот син: „Како успеа толку бргу, сине мој?” Тој одговори: „Бидејќи Господ, твојот Бог, ми беше милостив.” 21 Потоа Исак му рече на Јаков: „Приближи се, сине мој, да те опипам дали си ти навистина мојот син Исав или не си.” 22 Јаков се доближи до татка си Исака, кој го опипа и рече: „Гласот е Јаковов, но рацете се Исавови.” 23 Не го препозна, зашто рацете му беа влакнести, како и рацете на брата му Исава. Кога сакаше да го благослови, 24 го праша уште еднаш: „Ти ли си навистина мојот син Исав?” Тој одговори: „Јас сум.” 25 Потоа Исак рече: „Стави пред мене, да јадам од ловот на мојот син, па да те благослови мојата душа.” Јаков го послужи, и јадеше. Потоа му донесе вино, и пиеше. 26 Неговиот татко Исак му рече: „Приближи се, сине мој, и пољуби ме!” 27 Кога се доближи и го пољуби, Исак го почувствува мирисот на неговата облека и го благослови: „Ете! Мирисот на сина ми сличен е на мирисот на полето, што Господ го благослови. 28 Бог нека ти даде роса од небото и плодност на земјата: изобилство на жито и вино. 29 Народите да ти служат, племињата да ти се поклонуваат! Да господариш над своите браќа, синовите на мајка ти нека се поклонуваат пред тебе! Проклет да биде кој те проколнува; благословен - кој те благословува!” 30 Тукушто Јаков се оддалечи од татка си Исака - откако Исак го благослови Јакова - неговиот брат Исав дојде од лов. 31 И тој зготви вкусно јадење и му го донесе на татка си. И му рече на својот татко: „Стани, татко мој, и јади од ловот на сина си, за да можеш да ме благословиш тогаш!” 32 А неговиот татко Исак праша: „Кој си ти?” Тој одговори: „Јас сум твојот првороденец Исав!” 33 Исак се исплаши многу: „А кој беше тогаш оној, што налови дивеч и веќе ми донесе? Јадов пред да дојдеш ти; го благословив оној и благословен ќе остане.” 34 Штом Исав ги чу зборовите на татка си извика гласно и заплака горко, па му рече на татка си: „Благослови ме и мене, татко!” 35 А тој одговори; „Твојот брат дојде со измама и го однесе твојот благослов.” 36 „Веројатно затоа што името му е Јаков, веќе двапати ме измами - рече Исав. - Ми го одзеде првородството, а сега, еве, ми го одзеде и благословот.” Тогаш прирече: „Зар не задржа за мене некаков благослов?” 37 Исак му одговори на Исава: „Веќе го поставив него за твој господар; нему му ги дадов сите негови браќа за слуги; го надарив со жито и вино. А што можам сега да сторам за тебе, сине мој?” 38 Исав му одговори на својот татко: „Зар ти, татко, располагаш само со еден благослов? Благослови ме и мене, татко мој!” Исав плачеше гласно. 39 Тогаш татко му Исак проговори и рече: „Твојот дом ќе биде далеку од плодната почва, Далеку од росата од небото. 40 Ќе живееш од својот меч, ќе му служиш на брата си. Но еднаш, кога ќе се побуниш, ќе го стресеш неговиот јарем од својот врат.” 41 Исав го замрази Јакова заради благословот, со кого неговиот татко го благослови, па си рече во себеси: „Штом ќе дојдат деновите на жалост по татка ми, ќе го убијам брата си Јакова.” 42 Кога и ги соопштија на Ревека тие зборови, што ги рекол нејзинио повозрасен син Исав, таа го повика помладиот си син Јаков и му рече: „Внимавај! Брат ти Исав има мисла да те убие. 43 Но ти, сине мој, послушај ме: веднаш бегај при брата ми Лавана во Харан. 44 Остани некое време кај него, додека бесот на брата ти тлее кон тебе; 45 додека помине гневот на брата ти и тој заборави што си му сторил. Тогаш јас ќе испратам по тебе и ќе те доведам оттаму. Зошто да ве изгубам двајцата во еден ден!” 46 Потоа Ревека му рече на Исака: „Ми здодеа мојот живот заради овие жени Хетејки. Ако и Јаков се ожени со некоја Хетејка, какви што се домородкиве, зошто ми е тогаш животот!”
1 Затоа Исак го повика Јакова, го благослови и му наложи: „Не земај жена од ханаанските девојки. 2 Тргни веднаш за Падан Арам, во домот на Ватуил, татко и на мајка ти, и оттаму земи жена за себе, од ќерките на Лаван, брат на мајка ти. 3 А Сèмоќниот Бог, Ел-Шадај, да те благослови и да те наплоди и умножи, така што да станеш множество народи. 4 Нека ти го даде и тебе благословот даден на Авраама; тебе и на твоето потомство, така што ќе ја наследиш земјата, во која живееш како придојденец, а која Бог му ја даде на Авраама!” 5 Така Исак го испрати Јакова, и тој отиде во Падан Арам, при Лавана, син на Арамеецот Ватуил, брат на Ревека, мајката на Јакова и Исава. 6 Кога Исав виде дека Исак го благослови Јакова, кога го испраќаше во Падан Арам, за да си земе жена оттаму, наредувајќи му додека го благословуваше: „Не смееш да земеш жена од ханаанските девојки”, 7 и дека Јаков ги послуша татка си и мајка си и отиде во Падан Арам, 8 Исав сфати колку му се одвратни ханаанските девојки на татка му Исака. 9 Затоа отиде при Исмаила и, покрај жените кои веќе ги имаше, се ожени за Маелета, ќерка на Исмаил, синот Авраамов, а сестра Новајотова. 10 Јаков ја напушти Вирсавеа и се запати кон Харан. 11 Стигна во некое место и преноќева таму, зашто сонцето веќе беше зајдено. Зеде еден камен од местото, го стави под главата и легна на тоа место. 12 И виде сон: скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Божји ангели се искачуваа и слегуваа по неа. 13 Покрај нив е Господ и му зборува: „Јас Сум Господ, Бог на твојот прататко Авраам и Бог Исаков. Земјата на која лежиш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство. 14 Твои потомци ќе има како и прав на земјата; ќе се раширите на запад, исток, север и југ; преку тебе и преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата. 15 И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив.” 16 Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!” 17 Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Не е друго освен дом Божји, ова е врата небеска!” 18 Рано наутро, Јаков го зеде каменот, што го беше ставил под главата, го исправи како столб и излеа масло врз неговиот врв. 19 Тоа место го нарече Ветил, додека името на градот, пред тоа, беше Луз. 20 Тогаш направи завет: „Ако Бог остане со мене и ме запази на патов, по кој одам; и ми даде леб да јадам и облека да се облекувам, 21 така што да се вратам здрав во татковиот дом, Господ ќе биде мој Бог. 22 А каменов што го исправив како столб, ќе биде Божји Дом. А од сè што ќе ми даваш, за Тебе ќе одвојувам десеток.”
1 Јаков го продолжи патувањето и дојде во Источната Земја. 2 Одеднаш забележа кладенец во полето. Три стада овци се одмараа околу него, зашто се напојуваа од кладенецот. Голем камен се наоѓаше врз кладенецот. 3 Единствено кога ќе се собереа сите сточари таму, можеа да го поместат каменот од отворот и да ги напојат овците, потоа пак го ставаа каменот на неговото место, врз отворот на кладенецот. 4 „Од каде сте, браќа мои?” ги праша Јаков. „Од Харан”, одговорија. 5 „Дали го познавате - ги праша натаму - Нахоровиот син Лаван?” „Го познаваме”, одговорија. 6 „Дали е здрав?”, пак ги праша. „Здрав е; и ете, доаѓа неговата ќерка Рахила со стадото”, одговорија. 7 „Уште е многу рано - продолжи тој - не е време за прибирање на добитокот. Зошто не го напојувате и не го отерате на пасење?” 8 „Не можеме додека не се соберат сите овчари - одговорија - да го отстранат каменот од отворот на кладенецот, така да можеме да ги напоиме овците.” 9 Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахила со овците на татка си. Имено, беше овчарка. 10 Кога Јаков ја здогледа Рахила, ќерката на Лавана, брат и на мајка му, со стадото на вујка му Лавана, Јаков се доближи и го измести каменот од отворот на кладенецот и го напои стадото на вујкото Лаван. 11 Потоа ја пољуби Рахила, а тогаш заплака. 12 И Јаков и кажа на Рахила дека тој е внук од сестра на татка и, син Ревекин. Таа се растрча и му соопшти на татка си. 13 Кога Лаван ја чу веста за Јакова, за синот на својата сестра, му истрча во пресрет. Го прегрна и го пољуби, па го доведе во својот дом. Му раскажа на Лавана сè што му се случи. 14 А тогаш Лаван рече: „Навистина, ти си моја коска и мое месо!” И Јаков живееше кај него цел месец. 15 Лаван му рече: „Зар ќе ми служиш бесплатно, зашто си ми внук од сестра! Кажи ми колку ќе бараш за наем?” 16 А Лаван имаше две ќерки. На повозрасната името и беше Лија, а на помладата Рахила. 17 Лија имаше слаби очи, а Рахила беше складна и убава на лице. 18 Бидејќи Јаков се вљуби во Рахила, рече: „Ќе ти служам седум години за твојата помлада ќерка Рахила.” 19 Лаван одговори: „Подобро да ти ја дадам тебе, отколку на некој туѓинец. Остани со мене!” 20 Така Јаков служеше, за Рахила, седум години, ама му се видоа, заради љубовта кон неа, како неколку дни. 21 Потоа Јаков му рече на Лавана: „Дај ми ја мојата жена, зашто моето време се исполни, па сакам да влезам при неа.” 22 Лаван ги собра сите луѓе од местото и им даде гозба. 23 Но вечерта ја зеде својата ќерка Лија и неа ја воведе кај Јакова, и тој и пријде. 24 Лаван и ја даде својата слугинка Зелфа на ќерка си Лија за слугинка. 25 Кога бидна утро, а тоа, ете, Лија! Тогаш Јаков му рече на Лавана: „Зошто ми стори така! Зар не ти служев јас за Рахила? Зошто ме измами?” 26 Лаван одговори: „Во нашето место не е обичај помладата да се омажи пред повозрасната. 27 Заврши ја со неа свадбенава седмица, а тогаш ќе ти ја дадам и втората, за уште седум години служба при мене.” Јаков се согласи: ја сврши свадбената седмица. 28 Тогаш Лаван му ја даде и ќерка си Рахила за жена. 29 Лаван и ја даде својата слугинка Вала на ќерка си Рахила за слугинка. 30 Тогаш Јаков и пристапи на Рахила. Ја љубеше Рахила повеќе отколку Лија. И така му служеше на Лавана уште седум години. 31 Господ виде дека Лија не е љубена, па ја направи плодна, додека Рахила остана неротка. 32 Лија зачна и роди син; му го даде името Рувим, а тоа значи, како што протолкува таа: „Господ ја виде мојата неволја и затоа сега мојот маж ќе ме љуби.” 33 Пак зачна и роди син, па изјави: „Господ чу дека не сум љубена, затоа ми го даде и овој, и го нарече Симеон.” 34 Пак зачна и роди син, па изјави: „Сега мојот маж ќе се приврзе кон мене: му родив три сина.” Затоа го нарекоа со името Левиј. 35 А кога зачна уште еднаш и роди син, изјави: „Ќе го фалам Господа овој пат.” Затоа на синот му даде име Јуда. И прекрати да раѓа.
1 Откако Рахила виде дека не му раѓа деца на Јакова, и завиде на својата сестра и му рече на Јакова; „Дај ми деца! Инаку ќе умрам!” 2 Јаков се налути на Рахила и рече: „Зар сум Бог, Кој ја лиши твојата утроба од плод?” 3 А таа одговори: „Еве ја мојата слугинка Вала: влези при неа, па нека роди на моите колена, па така и јас ќе добијам деца преку неа.” 4 И така, му ја даде за жена својата слугинка Вала, и Јаков и пристапи. 5 Вала зачна и му роди на Јакова син. 6 Тогаш Рахила рече: „Господ ми пресуди право. Го послуша мојот глас и ми даде син.” Затоа му го даде името Дан. 7 Рахилината слугинка Вала зачна пак и му роди на Јакова втор син. 8 Тогаш Рахила рече: „Жестоко се борев со сестрата, ама победив.” Затоа го нарече Нефталим. 9 А откако Лија виде дека прекрати да раѓа, ја зеде својата слугинка Зелфа, па му ја даде на Јакова за жена. 10 И Кога Лиината слугинка Зелфа му роди син на Јакова, 11 Лија воскликна: „Доаѓа среќа!” Затоа го нарече со името Гад. 12 Лиината слугинка Зелфа му роди на Јакова и втор син, 13 и Лија воскликна пак: „Блазе ми! Жените ќе ме викаат блажена!” Затоа го нарече со името Асир. 14 Еден ден, во времето на пченичната жетва, Рувим најде мандрагори во полето, па и ги донесе на мајка си Лија. И Рахила и рече на Лија: „Дај ми од мандрагорите на сина си!” 15 А Лија одговори: „Зар не ти е доста што ми го одзеде мажот, па уште сакаш да ги земеш од мене и мандрагорите на мојот син?” Рахила одговори: „Па добро, Јаков нека лежи со тебе ноќеска, во замена за мандрагорите на твојот син.” 16 Кога Јаков стигна од поле, приквечер, Лија му излезе во пресрет и му рече: „Ти треба да дојдеш при мене, зашто те зедов под наем за мандрагорите на мојот син.” Таа ноќ тој лежеше со неа. 17 Бог ја послуша Лија; таа зачна па му го роди на Јакова петтиот син. 18 Тогаш Лија рече: „Бог ми врати со награда, затоа му ја отстапив својата слугинка на мажа си.” Затоа на синот му даде име Исахар. 19 Лија зачна пак и му го роди на Јакова шестиот син. 20 Тогаш Лија рече: „Бог ме дарува со скапоцен дар; сега мојот маж ќе ми даде дарови: па му родив шест синови.” Затоа го нарече Завулон. 21 Потоа роди ќерка и и го даде името Дина. 22 А Господ се сети за Рахила: Бог ја послуша и ја отвори нејзината утроба. 23 Таа зачна и роди син, па рече: „Бог го отстрани мојот срам!” 24 Му го даде името Јосиф, велејќи: „Господ нека ми придаде и друг син!” 25 Откако Рахила го роди Јосифа, Јаков му рече на Лавана: „Пушти ме да си одам во мојот роден крај! 26 Дај ми ги моите жени, за кои ти служев, и моите деца, за да можам да си одам: па добро знаеш како ти служев.” 27 А Лаван одговори: „Не си оди, ако си ми пријател. Знам дека Господ ме благословуваше заради тебе.” 28 И уште рече: „Одреди си плата, каква сакаш од мене, и ќе ти ја дадам.” 29 Тој му одговори: „Ти добро знаеш што значеше мојата служба за тебе и како му беше на твојот добиток при мене. 30 Тоа малку што го имаше пред моето доаѓање, се зголеми мошне многу, зашто каде и да поминував, Господ те благословуваше на моите чекори. А сега е време да поработам и за својот дом.” 31 Тој го праша: „Колку да ти платам?” Јаков одговори: „Не ми плаќај ништо! Пак ќе го пасам и ќе го чувам твоето стадо, ако ми го сториш ова: 32 Остави ме да поминам денес низ твоето стадо и да ја одделам од него секоја капчеста и шарена овца и секое црникаво од јагнињата и секоја капчеста и шарена од козите! Тоа нека ми биде плата! 33 А во иднина кога со своите очи ќе ја проверуваш мојата плата, мојата чесност ќе биде сведок за мене: ако се најде меѓу моите кози една што не ќе биде шарена или капчеста, или меѓу јагнињата што не ќе биде црникаво, нека се смета за крадено!” 34 Лаван рече: „Добро, нека биде како што кажа.” 35 Но во тој ден, Лаван ги оддели сите шарени и дамкасти јарци, и сите жолтоцрвеникави и шарени кози - секоја што имаше бело на себе и секое црникаво од јагнињата па им ги предаде на своите синови. 36 И оттаму, каде Јаков го пасеше остатокот на Лавановото стадо, се оддалечи на околу три дни одење. 37 А Јаков зеде млади зелени прачки од топола, леска и јавор; вреза во нив белини, меѓу оставена кора, така што се гледаше белото на прачките. 38 Така нашараните прачки ги стави во коритата, во поилата од кои пиеше добитокот. А бидејќи добитокот се спаруваше кога доаѓаше при водата, 39 јарците се расплодуваа покрај прачките, па затоа козите окозуваа дамкасти, капчести и шарени јариња. 40 Така Јаков ги одделуваше и овците и им ги вртеше главите кон шарените или кон сосем црните, што беа во Лавановото стадо. 41 Освен тоа, кога и да се спаруваше добро порастениот добиток, Јаков ги ставаше прачките во коритата, токму пред очите на животните, така што се оплодуваа пред прачките. 42 Но не ги ставаше пред послабите. Така послабите му паѓаа на Лавана, а добро развиените на Јакова. 43 Така човекот се збогати сосем многу; придоби многу добиток, и слуги и слугинки, и камили и ослиња.
1 Тогаш Јаков научи дека Лавановите синови зборуваат: „Јаков му го одзеде целиот имот на татка ни; и го придоби сето она богатство од она што требаше да му припадне на нашиот татко.” 2 А Јаков забележа и на Лавановото лице дека тој не се држи кон него како порано. 3 Тогаш Господ му рече на Јакова: „Врати се во земјата на своите татковци, во својата родина, и Јас ќе бидам со тебе!” 4 Тогаш Јаков ги повика Рахила и Лија во полето, при своето стадо, 5 и им рече: „Јас гледам на лицето на вашиот татко дека тој не се држи кон мене како порано; ама со мене беше Бог на татка ми. 6 И самите знаете дека му служев на вашиот татко колку што можев; 7 па сепак вашиот татко ме измачуваше мене, десетпати ми ја менуваше платата. Но Бог не остави да ми нанесе штета. 8 Ако тој речеше: ‘Секоја шарена нека ти биде плата, ‘тогаш целото стадо раѓаше шарени; ако пак речеше: ‘Капчестите нека ти бидат за плата,’ тогаш целото стадо раѓаше капчести. 9 Така Бог му го одзеде добитокот на татка ви и ми го даде мене. 10 Еднаш, кога стадото се оплодуваше, одненадеж видов во сон дека јарците во стадото, додека се спаруваа беа капчести, делумно бели и шарени. 11 Уште во сонот, Божји ангел ме повика: ‘Јакове!’ ‘Еве ме!’ реков. 12 А тој продолжи: ‘Забележи добро дека јарците во стадото, што се спаруваат се капчести, делумно бели и шарени. Имено, Јас видов сè што ти направи Лаван. 13 Јас Сум Бог, Кој ти се јави во Ветил, каде со масло го помаза столбот и каде ми направи завет. Сега стани и оди си од оваа земја; врати се во својата родина!’” 14 Рахила и Лија му одговорија на тоа: „Зар уште имаме наследнички дел во својот татков дом? 15 Зар нашиот татко не нè сметаше туѓинки? Па тој нè продаде, а потоа го изеде среброто, што го доби за нас! 16 Сето тоа богатство што Бог му го одзеде на нашиот татко, навистина е наше и на нашите деца. Затоа направи сè како што ти рече Бог!” 17 Тогаш Јаков ги качи своите деца и своите жени на камилите; 18 пред себе го потера сиот свој добиток, сиот свој имот што го придобил, добитокот што го собрал во Падан Арам: тргна кон Ханаанската Земја, при татка си Исака. 19 Лаван веќе замина да ги стриже своите овци, па Рахила ги присвои домашните идоли, што му припаѓаа на нејзиниот татко. 20 Јаков го залага Арамеецот Лаван така, што и не насетуваше дека ќе бега. 21 И побегна со сè што беше негово. Наскоро го премина Еуфрат и го насочи патувањето кон Галадскиот Рид. 22 На третиот ден го известија Лаван дека Јаков избегал. 23 Тој ги поведе со себе сите свои роднини и го гонеше со потерата седум дни одење; го стигна на гората Галад. 24 Но Бог му се јави на Арамеецот Лаван, ноќе, на сон, и му рече: „Внимавај, да не преземаш нешто против Јакова, ни добро ни зло!” 25 И така Лаван го стигна Јакова. Јаков го имаше оптегнато својот шатор на гората, а и Лаван со своите роднини се настани на гората Галад. 26 Тогаш Лаван му рече на Јаков: „Што сакаш со тоа, измамувајќи ме и одведувајќи ги моите ќерки, како поробени со меч? 27 Зошто избега потајно, ме заблуди и не ме извести? Ќе те испратев со веселба и песна, со тапанчиња и со лира. 28 Не ме остави ни да ги изљубам своите ќерки и своите внучиња! Навистина, постапи лудо. 29 Во сила е на мојата рака да ви напакости; но Бог на татка ти ми рече ноќеска: ‘Внимавај, да не преземеш нешто против Јакова, ни добро ни зло!’ 30 Добро, сега, замини како што копнееше по својот татков дом; но зошто ми ги украде идолите?” 31 Јаков му одговори на Лавана: „Треперев од мислата дека можеш да ми ги одземеш на сила своите ќерки. 32 А во кого ќе ги најдеш своите идоли, тој нека загине! Тука, пред нашите браќа, кажи што е твое при мене, и земи си го!” Јаков не знаеше дека Рахила ги имаше присвоено. 33 Така Лаван влезе во Јакововиот шатор, па во Лијиниот шатор, потоа во шаторот на двете слугинки, но ништо не најде. Откако излезе од Лијиниот шатор, влезе во Рахилиниот шатор. 34 А Рахила ги зеде идолите и ги стави во седлото на својата камила, а потоа седна на нив. Лаван пребаруваше низ целиот шатор, но не ги најде. 35 Имено, таа му рече на татка си: „Нека не се лути мојот господар дека не можам да станам пред него, зашто го имам она што е ред кај жените.” И така бараше, но не ги најде идолите. 36 Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш? 37 Ете, ги испреврте сите мои работи, па каков предмет од твојата покуќнина најде? Стави го тука пред мојот и својот род, па тие нека ни бидат судии меѓу нас двајцата. 38 За овие дваесет години што ги поминав со тебе, ни твоите овци ни твоите кози не се изјаловија, ниту јадев овни од твоето стадо. 39 Тоа што ѕверка ќе го раскинеше, не ти го донесував тебе, туку од своето ја надоместував загубата. Ти го бараше тоа од мене, било да го снемало дење или да го снемало ноќе. 40 Често дење се измачував од жед, а ноќе од студ. Сонот бегаше од моите очи. 41 Од овие дваесет години, што ги поминав во твојата куќа, четиринаесет години ти служев за твоите две ќерки, а шест години за твојот добиток, зашто ми ја менуваше заработувачката десетпати. 42 Ако со мене не беше Бог на мојот татко, Авраамовиот Бог, Исаковиот Страв, ќе ме испратеше со празни раце. Но Бог ги гледаше мојата неволја и трудот на моите раце, па сношти пресуди.” 43 Тогаш Лаван му одговори на Јакова: „Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца; стадата се мои стада; сè што гледаш мое е. Но што можам, денес, да им сторам на своите ќерки и на децата, кои ги родиле? 44 Сега јас и ти да склучиме сојуз, за да биде сведоштво меѓу мене и тебе.” 45 Јаков зеде камен и го исправи како споменик, 46 а тогаш Јаков им рече на своите луѓе: „Соберете камења!” Така тие собраа камења и ги нафрлија на куп. Јадеа, таму, на купот. 47 Тогаш Лаван го нарече Јегар Сахадута (Брег на Сведоштво), а Јаков го нарече Галад. 48 Тогаш Лаван изјави: „Нека овој куп, денес, биде сведок меѓу мене и тебе!” Затоа е и наречен Галад, 49 но и Мисфа, зашто рече: „Господ нека нè надгледува и тебе и мене, кога ќе си отидеме еден од друг. 50 Ако постапуваш лошо кон моите ќерки, или ако земеш други жени покрај моите ќерки, иако никој друг не ќе биде со нас, знај дека Бог ќе биде сведок меѓу мене и тебе!” 51 Потоа Лаван му рече на Јакова: „Еве, тука е купот; тука е столбот што го исправив меѓу себе и тебе: 52 овој куп и овој столб нека бидат сведоштво дека нема да тргнам против тебе, од зад овој куп, и дека ти нема да тргнеш против мене, од зад ова ритче и спомеников. 53 Авраамовиот Бог и Нахоровиот Бог и Богот на нивните татковци нека ни биде наш судија!” Јаков се заколна во Бога - во Стравот на татка си Исака. 54 Потоа Јаков принесе жртва на гората и ги повика своите луѓе да јадат. После јадењето ја поминаа ноќта на гората. 55 Рано наутро, Лаван се крена ги изљуби своите синови и своите ќерки, па ги благослови; тогаш се запати назад во своето место.
1 Јаков одеше по својот пат, кога во пресрет му излегоа Божји ангели. 2 Штом Јаков ги забележа, рече: „Ова е Божјо воинство!” Затоа го нарече местото Маханаим. 3 Јаков испрати гласници, пред себе, до брата си Исава во Сирската Земја во месноста Едом, 4 и им наложи: „Вака ќе му речете на мојот господар Исав: ‘Твојот слуга Јаков ти порачува: „Живеев при Лавана, се задржав таму досега. 5 Придобив говеда, ослиња, овци, слуги и слугинки. Му го соопштувам ова на својот господар, за да најдам милост во неговите очи.’” 6 Гласниците се вратија при Јакова и му рекоа: „Бевме кај твојот брат Исав; самиот тој ти доаѓа во пресрет со четири стотини момчиња.” 7 Јаков се исплаши многу. Во загриженоста, ги подели во две дружини: луѓето, стадата, говедата и камилите, што беа со него. 8 Сметаше: „Ако Исав налета на едната дружина и ја нападне, другата ќе може да се спаси.” 9 Тогаш Јаков се помоли: „О, Боже на татка ми Авраама! Боже на мојот татко Исак! О, Господи, Кој ми нареди: ‘Врати се во својот роден крај, и Јас ќе ти сторам добро!’ 10 Не сум достоен за сета добрина што му ја искажуваше на својот слуга постојано. Зашто некогаш само со својот стап поминав преку Јордан, а сега станав две дружини. 11 Избави ме од рацете на брата ми, од Исавовите раце! Инаку се плашам дека може да дојде и да нè убие: и мене, и мајките, и децата. 12 Ти рече: ‘Ќе ти давам изобилно добрини и твоето потомство ќе го умножам како морскиот песок, што не може да биде изброен заради своето множество.’” 13 Таму ја помина ноќта; а потоа, од она што имаше при рака, му приготви дар на својот брат Исав: 14 двеста кози и дваесет јарци, двеста овци и дваесет овни; 15 триесет камили - доилки со нивните мали камили; четириесет крави и десет јунци; дваесет ослиња и десет ждребиња. 16 Стадо по стадо им ги предаде на своите слуги. Тогаш им рече на своите слуги: „Одете пред мене, но држете растојание меѓу стадата!” 17 А на првиот му издаде заповед, велејќи: „Кога ќе те сретне мојот брат Исав, па те праша: ‘Чиј си? Каде одиш? Чие е ова пред тебе?’ 18 Одговори: ‘На твојот слуга Јаков; ова е дар што му го испраќа на својот господар Исав; а тој иде по нас.’” 19 Така им нареди и на вториот, па на третиот, и на сите други што одеа по стадата: „Ова кажете му на Исава кога ќе го сретнете. 20 И кажете му уште: „А твојот слуга Јаков и самиот иде по нас.” Имено, мислеше: „Ако го смилувам, однапред, со подароците, а потоа се соочам со него, можеби ќе ми прости.” 21 Така подароците тргнаа напред, додека тој ја преспа ноќта во логорот. 22 И стана во таа ноќ, ги зеде своите две жени, своите две слугинки и своите единаесет деца и премина преку бродот на Јавок. 23 И ги зеде, ги помина преку потокот, и преведе сè свое. И Јаков остана сам. 24 И Некој се бореше со него до зазорување. 25 Откако виде дека не може да го совлада, му го измести бедрото при зглобот, така што на Јакова му се измести колкот додека се бореа. 26 Потоа рече: „Пушти Ме, зашто се зазори!” Но тој одговори: „Не те пуштам додека не ме благословиш.” 27 Тогаш, го праша: „Како ти е името?” Одговори: „Јаков.” 28 Оној му рече: „Отсега не ќе ти биде името Јаков, а Израел, зашто се бореше со Бога и со луѓето, и победи.” 29 Јаков го праша: „Кажи ми го Твоето име?” А Тој рече: „Зошто прашуваш за Моето име, тоа е чудно?” И го благослови таму. 30 Јаков го нарече местото: Фануил, зашто - рече - „Го видов Бога лице во лице, и останав жив.” 31 Сонцето изгреа над него, кога заминуваше од Фануил. Кривеше заради колкот. 32 Затоа и досега Израелевите синови не ја јадат жилата, што е во состав на бедрото, зашто Јакововиот бедрен зглоб беше изместен во жилата на бедрото.
1 Јаков ги поткрена очите и виде дека доаѓа Исав и со него четири стотини луѓе. Ги раздели своите деца меѓу Лија, Рахила и двете слугинки; 2 ставајќи ги на чело слугинките и нивните деца; по нив Лија и нејзините деца; а Рахила и Јосифа одназад. 3 Самиот замина напред, се поклони седумпати до земја, додека му се приближи на брата си. 4 Исав се затрча во пресрет, го прегрна, паѓајќи му околу вратот, го пољуби и заплакаа. 5 Тогаш ги подигна очите и ги виде жените и децата. „Кои се овие со тебе?” праша. Тој одговори: „Децата кои Бог му ги подари на твојот слуга.” 6 Потоа слугинките со своите деца истапија напред и се поклонија длабоко. 7 И Лија истапи напред, со своите деца, па се поклонија. Најпосле, Јосиф и Рахила истапија напред и се поклонија. 8 Исав праша: „Зошто ти е сево множество, што го сретнав?” Тој одговори: „За да ја придобијам наклоноста на својот господар.” 9 Исав одговори: „Јас имам доста, брате мој. Нека ти остане тебе, што е твое.” 10 А Јаков рече: „Не! Ако најдов милост во твоите очи, прими дар од мојата рака; зашто мене ми е - бидејќи ме прими љубезно - како да го гледам Божјото лице. 11 Затоа прими го мојот благослов: што ти го донесов; зашто Бог ми подари, па имам сè.” И го наговори, и тој зеде. 12 „Да тргнеме на пат - рече Исав - и јас ќе патувам со тебе.” 13 Но тој му одговори: „Мојот господар знае дека децата се кревки. Освен тоа, треба да се грижам за овците и кравите, што дојат: ако ги терам пребргу само еден ден, сите ќе изумрат. 14 Мојот господар нека оди пред својот слуга, а јас ќе одам полека, според врвежот на добитокот пред мене и според чекорот на децата, додека стигнам при својот господар во Сир.” 15 Исав рече: „Да ти оставам неколку луѓе, од овие што се со мене!” Но тој му одговори: „Зошто е тоа? Јас само нека најдам милост во очите на мојот господар!” 16 Во тој ден, Исав се запати - по својот пат - назад во Сир, 17 додека Јаков отиде во Сокхот, каде си изгради куќа, и направи трла за својот добиток. Затоа го нарече местото Сокхот. 18 Откако дојде од Падан Арам, (Сирска Месопотамија) Јаков пристигна во сихемскиот град Салим, што се наоѓа во Ханаанската Земја, и го оптегна својот шатор пред градот. 19 Делот од полето, на кое го постави својот шатор, го купи од синовите на Емора, Сихемовиот татко, за сто сребреници. 20 Постави жртвеник таму и го повика таму името на Господа, Израелевиот Бог (Ел, Елое Израел).
1 Дина, ќерката што Лија му ја роди на Јакова, излезе да посети некои девојки на оној крај. 2 Ја виде Евеецот Сихем, син на Емор, кнез на онаа земја, па ја грабна и насила легна со неа. 3 Неговото срце се приврза кон Јакововата ќерка Дина, и тој се вљуби во девојката. Настојуваше да го придобие срцето на девојката. 4 Сихем му зборуваше и на татка си Емор: „Земи ми ја онаа девојка за жена!” 5 Јаков научи дека Сихем ја обесчести неговата ќерка Дина. Но бидејќи неговите синови беа со добитокот, во полето, Јаков молчеше додека не дојдоа тие. 6 А Сихемовиот татко, Емор, дојде при Јакова, за да се спогодат, 7 токму кога Јакововите синови се враќаа од полето. Кога научија, луѓето беа јадосани и многу лути. Во Израел беше срамно тоа што го стори Сихем, легнувајќи со Јакововата ќерка: така не смееше да се постапува. 8 Емор им рече: „Мојот син Сихем се вљуби со сета душа во вашата ќерка. Дајте му ја за жена! 9 Посватете се со нас: давајте ни ги своите ќерки, а земајте ги нашите ќерки за себе! 10 И можете да живеете среде нас; земјата е пред вас, за да се населите, да стопанисувате на неа и да придобивате имот!” 11 Сихем им рече на татка и и на нејзините браќа: „За да најдам милост во вашите очи, ќе ви дадам што ќе побарате. 12 Барајте од мене колку што сакате: сè што ќе запросите ќе ви дадам, само дајте ми ја девојката за жена.” 13 Јакововите синови им одговорија на Сихем и на неговиот татко Емор со лукавство, зашто ја обесчести сестра им Дина - 14 па им рекоа: „Не можеме да се согласиме да ја дадеме сестра си на човек, кој не е обрезан, зашто тоа би било срам за нас. 15 Единствено ќе ја дадеме, под услов, ако и вие станете како нас, ако ги обрежете сите свои машки. 16 Тогаш ќе можеме да ви ги даваме своите ќерки и да ги земаме вашите за себе, да се населиме при вас и да бидеме еден род (народ). 17 А ако не нè послушате нас, да се обрежете, ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си одиме.” 18 На Емор и Сихем, Еморовиот син, им се допаднаа зборовите. 19 Момчето не се забави да го изврши барањето, зашто копнееше по Јакововата ќерка; а беше најпочитуван од сите во татковиот дом. 20 Емор и неговиот син Сихем дојдоа пред вратата на овој град и им зборуваа вака на своите сограѓани: 21 „Овие луѓе се мирни; нека се населат меѓу нас во земјава; нека се занимаваат на неа; ете, земјата е пространа пред нив; ќе можеме да ги земаме нивните ќерки за жени, а нашите да им ги даваме ним. 22 Но луѓето ќе се согласат да живеат меѓу нас и да бидат еден народ со нас, само ако сите наши машки бидат обрезани, како што се и тие обрезани. 23 Зар така не ќе бидат наши: добитокот што го придобија, сето нивно богатство? Да се согласиме, па нека се населат среде нас!” 24 Сите возрасни машки, кои имаа право да излезат на градската врата, ги послушаа Емор и неговиот син Сихем, па секое машко беше обрезано, - секој што имаше право да излезе на градската врата. 25 А на третиот ден, додека тие уште беа во болки, два Јаковова сина, Симеон и Леви, Динини браќа, го грабнаа секој својот меч и дојдоа во градот, без пречки, и ги погубија сите машки. 26 Ги пресекоа со меч Емора и неговиот син Сихем, ја зедоа Дина од Сихемовата куќа и си отидоа. 27 Другите Јаковови синови дојдоа при убиените и го опустија градот, зашто нивната сестра беше обесчестена. 28 Колку што имаше крупен и ситен добиток и ослиња, и сè што имаше во градот и во полето ги истераа; 29 ги ограбија сите нивни богатства, а сите нивни деца и жени - сè што беше во куќите - ги запленија. 30 Јаков им рече на Симеон и Леви: „Ме воведовте во неприлика, правејќи ме замразен меѓу жителите на земјава: Хананците и Ферезејците. Ако се обединат против мене и ме нападнат, додека сме оволку малку на број, ќе ме истребат со мојот дом.” 31 Тие одговорија: „Зар да постапува со нашата сестра, како со некаква блудница?”
1 Бог му рече на Јакова: „Стани, оди горе во Ветил и остани таму! Направи Му таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави кога бегаше од брата си Исава!” 2 И Јаков им рече на сите во својот дом и на сите што беа со него: „Отфрлете ги туѓите идоли, што се наоѓаат во ваша средина; очистете се и преоблечете се. 3 Одиме горе во Ветил; таму ќе Му направам жртвеник на Бога, Кој ме послуша кога бев во неволја и беше со мене на патот, по кој одев.” 4 Тие му ги предадоа на Јакова сите туѓи идоли, што ги имаа, и наушниците што беа на нивните уши, и Јаков ги закопа под дабот во Сихем. 5 Кога тргнаа, страв од Бога ги опфати околните места, така што не тргнаа во потера по Јакововите синови. 6 Јаков стигна во Луз, односно Ветил, во Ханаанската Земја, и сите луѓе што беа со него. 7 Таму изгради жртвеник - и местото го нарече Ел-Ветил, зашто Бог му се јави таму, кога тој бегаше пред својот брат Исав. 8 Тогаш умре Ревекината доилка Девора, па ја погребаа под Ветил, под дабот, што оттогаш се вика „Тажен Даб.” 9 Бог му се јави пак на Јакова, кога стигна од Падан Арам, и го благослови. 10 Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се викаш Јаков, туку твоето име ќе биде Израел.” Така го нарече Израел. 11 Тогаш Бог му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сèмоќен Бог! Биди плоден и размножувај се! Од тебе ќе произлезе народ, множество народи, и цареви ќе излезат од твоето крило. 12 Земјата што им ја дадов на Авраама и Исака, Јас ти ја предавам тебе; и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја.” 13 Тогаш Бог се вознесе од него, каде што му зборуваше. 14 На местото каде што Бог разговараше со него, Јаков исправи столб, столб од камен; принесе жртва врз него и го полеа со масло. 15 А местото каде што му зборуваше Бог, Јаков го нарече Ветил. 16 Потоа тргнаа од Ветил. Имаше уште малку пат до Еуфрат, а Рахила се најде на породување. Ја нападнаа тешки болки. 17 Кога породилните болки и беа најголеми, бабицата и рече: „Не бој се, зашто и овој ти е син!” 18 Кога се делеше од душата - зашто Рахила умираше - му го даде на синот името Венони; но таткото го нарече Венијамин. 19 Така почина Рахила. Ја погребаа покрај патот за Ефрат, односно Витлеем. 20 А Јаков подигна споменик на нејзиниот гроб - оној што е до денес на Рахилиниот гроб. 21 Израел тргна натаму и го оптегна својот шатор од онаа страна на Мигдал-Едер. 22 Додека Израел престојуваше во оној крај, Рувим отиде и легна со Вала, соложница на татка си. Израел научи за тоа. Јаков имаше дванаесет синови. 23 Со Лија: Рувим, Јакововиот првороденец, Симеон, Леви, Јуда, Исахар и Завулон. 24 Со Рахила: Јосиф и Венијамин; 25 со Рахилината слугинка Вала: Дан и Нефталим; 26 со Лиината слугинка Зелфа: Гад и Асир. Тоа се Јакововите синови, кои му се родија во Падан Арам. 27 Јаков дојде при татка си Исака во Мамвриј, во Киријат Арва, односно Хеврон - каде Авраам и Исак престојуваа како придојденици. 28 Исак умре кога имаше сто и осумдесет години. 29 Исак издивна и почина, старец и заситен со години, па беше придружен при своите луѓе. Неговите синови, Исав и Јаков, го погребаа.
1 Ова е потомството на Исав, кој се викаше и Едом. 2 Исав зеде за себе жени од хананските девојки: Ада, ќерка на Хетеецот Едон; Оливема, ќерка на Ана, внука на Евеецот Севетон; 3 и Васемата, Исмаилова ќерка, сестра Навитова. 4 Ада му го роди на Исава: Елифаза, а Васемата му ги роди Рагуила; 5 Оливема ги роди: Еуса, Јеглома и Кореја. Тоа се Исавовите синови, кои му се родија во Ханаанската Земја. 6 Исав ги зеде своите жени, своите синови, своите ќерки, сите деца на својот дом; својот добиток - крупен и ситен; сиот имот што го спечалил во Ханаанската Земја, и отиде во Сирската Земја, далеку од својот брат Јаков. 7 Имено, нивниот имот толку се зголеми, што не можеа да останат заедно: крајот во кој престојуваа не можеше да ги издржава поради нивниот добиток. 8 Така Исав, наречен Едом, се насели во планинскиот крај Сир. 9 И така, ова е потомството на Исав, прататко на Едомците, во планинскиот крај Сир. 10 Овие се имињата на Исавовите синови: Елифаз, син на Исавовата жена Ада; Рагуил, син на Исавовата жена Васемата. 11 Елифазови синови беа: Теман, Омар, Сефо, Готом и Кенез. 12 Темна му беше соложница на Исавовиот син Елифаз; таа му го роди на Елифаза - Амалик. Тоа се потомците на Исавовата жена Ада. 13 А овие се синовите на Рагуила: Нахат, Зара, Сама и Миза. Тие и беа синови на Исавовата жена Васемата. 14 А овие пак се синови на Исавовата жена Оливема, Анината ќерка, Севегоновата внука; таа му ги роди на Исава: Еуса, Еглама и Кореја. 15 Овие се родовски првенци на Исавовите потомци: потомците на Исавовиот првенец Елифаз: кнез Теман, кнез Омар, кнез Сефо, кнез Кенез, 16 кнез Кореј, кнез Готом и кнез Амалик. Тоа се родовските главатари на Елифазовите, во Едомската Земја; тоа се Адините потомци. 17 А овие се потомците на Исавовиот син Рагуил: кнез Нахат, кнез Зара, кнез Сама и кнез Миза. Тоа се родовските главатари на Рагуиловите во Едомската Земја; тоа се потомци на Исавовата жена Васемата. 18 А овие се потомците на Исавовата жена Оливема: кнез Еус, кнез Еглам и кнез Кореј. Тоа се родовските главатари на Исавовата жена Оливема, Анина ќерка. 19 Тие се синовите на Исав - Едом, нивни кнезови. 20 А овие се синовите на Кореецот Сир, жители на онаа земја: Лотан, Совил, Севетон, Ана, 21 Дисон, Асар и Дисан. Тоа се првенците на Хорејците, на Сировите синови во Едомската Земја. 22 Лотанови синови беа: Хори и Емам; а Темна беше Лотанова сестра. 23 Овие беа Совилови синови: Алван, Манахат, Гевал, Сефо и Онам. 24 Севетонови синови беа: Аја и Ана. Ана е оној, кој ги најде топлите извори во пустината, додека ги чуваше ослињата на татка си Севатона. 25 Овие беа Анини деца: син Дисон и Анината ќерка Оливема. 26 Овие беа Дисонови синови: Амадан, Асван, Итран и Харан. 27 Овие беа Асарови синови: Валан, Заван и Акан. 28 А Дисанови синови беа: Уз и Аран. 29 Овие се кнезови на Хорејците: кнез Лотан, кнез Совил, кнез Севетон, кнез Ана, 30 кнез Дисон, кнез Асар и кнез Дисан. Тие беа кнезови на Хорејците, главатар по главатар, во Сирската Земја. 31 Еве ги царевите, што царуваа во Едомската Земја, пред да завладее царот на Израелевите синови. 32 Веоровиот син Вел владееше во Едом; неговиот град се викаше Денава. 33 Кога умре Вел на негово место се зацари Јоав, син на Зара од Восора. 34 Кога умре Јоав на негово место се зацари Хусам од Теманската Земја. 35 Кога умре Хусам на негово место се зацари Адад, син Вададов, кој ги порази Мадијамците на Моавското Поле. Името на неговиот град беше Авит. 36 Кога умре Адад, место него се зацари Самла од Марсек. 37 Кога умре Самла, место него се зацари Саул од Роват, што е при Реката. 38 Кога умре Саул на негово место се зацари Валанан, Ахоров син. 39 Кога умре Валанан синот Ахоров, на негово место се зацари Адар. Името на неговиот град беше Пау. Неговата жена се викаше Метавеила. Беше Матредова ќерка, од Мезава. 40 Овие се имињата на Исавовите старешини со нивните имиња по родовите и по сместувањето: старешина Тамна, старешина Алва, старешина Етет, 41 старешина Оливема, старешина Ила, старешина Финон, 42 старешина Кенез, старешина Теман, старешина Мивсар, 43 старешина Матедил и старешина Ирма. Тие беа едомски кнезови, според нивните населби во земјата што ја зазедоа. Тоа е Исав прататко на Едомците.
1 А Јаков се настани во земјата, во која татко му престојуваше како придојденик - во Ханаанската Земја. 2 Еве ја Јакововата историја. Како момче, на седумнаесет години, Јосиф ги чуваше стадата, со своите браќа, со синовите на Вала и Зелфа, кои беа жени на татка му. Јосиф му носеше на татка си лоши гласови за нив. 3 Јаков го љубеше Јосифа повеќе од кој и да е свој син, зашто беше дете на неговата старост, и тој му направи шарена облека. 4 Но неговите браќа забележија дека татко им го љуби повеќе од сите други свои синови, па го замразија толку, што не можеа да му речат ни пријатен збор. 5 Еднаш Јосиф сонуваше сон, и им го раскажа на своите браќа, а тие го замразија уште повеќе заради тоа. 6 „Чујте го сонот - им рече - што го видов! 7 Замислете! Врзувавме снопови во средината на полето, кога одеднаш мојот сноп се исправи и застана нагоре. Тогаш вашите снопови се собраа наоколу и му се поклонија на мојот сноп.” 8 Неговите браќа го прашаа: „Да не сакаш да зацаруваш над нас? Сакаш ли да ни бидеш господар?” И го замразија уште повеќе, заради неговото раскажување на соништата. 9 Тој виде уште еден сон и им го раскажа на своите браќа: „Сонував уште еден сон. Внимавајте! Сонцето, месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа длабоко!” 10 Кога му го раскажа тоа на својот татко, татко му го укори и му рече: „Што значи сонот што го сонуваше? Зар ќе дојдеме: јас, мајка ти и браќа ти, па да ти се поклонуваме до земја?” 11 И додека неговите браќа му беа лути, од завист, татко му размислуваше за сè. 12 Еднаш неговите браќа отидоа да ги чуваат татковите стада во близина на Сихем. 13 Израел му рече на Јосифа: „Твоите браќа ги чуваат стадата при Сихем, па ајде да те испратам кај нив.” Тој му одговори: „Добро, одам.” 14 Потоа татко му му рече: „Оди и види како се браќа ти и добитокот, па извести ме.” Така го испрати од долината Хеврон, и тој стигна во Сихем. 15 Некој човек го најде како скита по полето, и го праша: „Што бараш?” 16 „Ги барам браќата”, одговори. „Можеш ли да ми кажеш каде ги чуваат стадата?” 17 А човекот рече: „Заминаа оттука. Ги чув како зборуваат: „Да одиме во Дотан.” Така Јосиф замина по своите браќа и ги најде во Дотан. 18 Тие го здогледаа оддалеку; пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. 19 Си рекоа еден на друг: „Ене го стигнува сонувачот! 20 Ајде, да го убиеме сега и да го фрлиме во некоја јама! Можеме да речеме дека го изеде див ѕвер. Ќе видиме што ќе биде од неговите соништа!” 21 Но кога Рувим го чу тоа, се обиде да го избави од нивните раце. И рече: „Да не му го одземаме животот! 22 Не пролевајте крв - зборуваше натаму Рувим. - Фрлете го во јама за вода во пустината, ама не кревајте раце на него!” Така сакаше да го избави од нивните раце и да го одведе при таткото. 23 Но кога Јосиф стигна при браќата, тие му ја соблекоа неговата облека, шарената облека што беше на него; 24 го грабнаа и го фрлија во јама за вода. Јамата беше празна; немаше вода во неа. 25 Потоа седнаа да ручаат. Кога ги подигнаа своите очи, здогледаа поворка Исмаилци, како доаѓаат од Галад. Нивните камили носеа: мириси, балсами и смирна, за да ги препродадат во Египет. 26 Тогаш Јуда им рече на своите браќа: „Што ќе постигнеме ако го убиеме брата си, а ја скриеме неговата крв? 27 Ајде, да го продадеме на Исмаилците; но да не дигаме рака на него. Зашто тој е наш брат, наше месо.” Браќата го послушаа. 28 Тогаш пристигнаа луѓе, мадијамски трговци. Браќата го извлекоа од јамата за вода и им го продадоа на Исмаилците за дваесет сребреници, а тие го одведоа Јосифа во Египет. 29 Кога Рувим се врати до јамата за вода и виде дека го нема Јосифа во јамата за вода, ја скина својата облека. 30 А кога се врати при своите браќа, извика: „Детето го нема! Каде ќе се скријам сега јас!” 31 А тие ја зедоа Јосифовата облека, заклаа едно јаре и облеката ја натопија во крв. 32 Му ја испратија шарената облека на таткото и му порачаа: „Го најдовме ова! Гледај, дали е ова облеката на твојот син или не е?” 33 Тој ја препозна и рече: „Облеката е на мојот син! Див ѕвер го растрга! Јосиф е растрган на делови!” 34 И Јаков ја скина својата облека, стави покорничко вреќиште околу половина, и долго време го оплакуваше својот син. 35 Сите негови синови и сите негови ќерки настојуваа да го утешат, но тој не можеше да се утеши. Велеше: „Со тага ќе слезам при својот син во подземјето. Така го оплакуваше неговиот татко. 36 А Мадијамците го продадоа, во Египет, на Петефриј, фараонов царедворец, началник на телохранителите.
1 Во тоа време, Јуда замина од своите браќа и се врати при еден Одоламец, чие име беше Ира. 2 Тука Јуда ја забележа ќерката на еден Хананец - кој се викаше Суја - и се ожени со неа. 3 & пристапи, па таа зачна и роди син, кому му го даде името Ир. 4 Таа зачна пак, роди син, и му го даде името Онан. 5 Роди уште еден син и го нарече Шела. Се наоѓаше во Ахдив кога го роди него. 6 Јуда го ожени својот првенец Ир со девојка, чие име беше Тамара. 7 Но Јудиниот првороденец Ир Го навреди Бога, и Бог го погуби. 8 Тогаш Јуда му рече на Онан: „Пристапи и, на вдовицата на брата си, исполни ја кон неа деверската должност и така запази му го потомството на брата си!” 9 Но Онан, знаејќи дека семето нема да се смета за негово, го истуруваше на земја, секогаш кога ќе и пристапеше на братовата вдовица за да не му даде потомство на брата си. 10 Тоа што го правеше Го навреди Господа, па го погуби и него. 11 Тогаш Јуда и рече на својата снаа Тамара: „Остани вдовица во домот на татка си, додека потпорасне мојот син Шела.” Имено, се боеше дека и тој би можел да умре, како неговите браќа. И така Тамара отиде да живее во татковиот дом. 12 Долго време потоа, почина Сујината ќерка, Јудината жена. Кога помина времето на жалост, Јуда отиде, заедно со својот пријател Одоламецот Ир, во Тамна, за да ги стриже своите овци. 13 Ја известија Тамара: „Ене ти го свекорот - и рекоа - на пат за Тамна, за да ги стриже овците.” 14 Таа ја соблече вдовичката облека, се покри со превез и се завитка и седна на влезот во Енаим, што е на патот за Темна. Имено, виде дека Шела порасте, ама неа уште не ја омажија за него. 15 Кога Јуда ја виде, помисли дека е блудница, зашто го имаше покриено лицето. 16 Тој наврати при неа и рече: „Дај да ти пристапам!” Не знаеше дека му е снаа. А таа одговори: „Што ќе ми дадеш, за да влезеш при мене?” 17 „Ќе ти испратам едно јаре од своето стадо”, одговори. „Треба да оставиш емство додека не го испратиш.” 18 А тој ја праша: „Какво емство да ти оставам?” Таа одговори: „Својот печат на врвцата, и стапот што ти е во раката.” & ги даде и едното и другото, а потоа и пријде, и таа зачна од него. 19 Потоа таа стана и си отиде; го симна од себе превезот и пак ја облече својата вдовичка облека. 20 Јуда го испрати јарето, преку својот пријател Одоламецот, да го откупи залогот од рацете на жената, но не можеше да ја најде. 21 Ги праша луѓето во местото: „Каде е блудницата, која се наоѓаше покрај патот за Енаим?” Тие му одговорија: „Тука никогаш немаше блудница.” 22 Така тој се врати при Јуда и рече: „Не можев да ја најдам. Освен тоа, луѓето во местото ми рекоа дека таму никогаш немало блудница.” 23 Јуда рече: „Да не станеме за смеа, нека ги држи! Еве, и го испратив јарево, ама ти не ја најде.” 24 Од прилика по три месеци му донесоа вест на Јуда: „Твојата снаа Тамара блудствува, па во блудството и зачнала.” „Изведете ја - нареди Јуда - па нека биде изгорена!” 25 Додека ја изведуваа, таа му порача на свекорот: „Зачнав од човекот, чие е ова.” Уште додаде: „Види чии се овој печат на врвцата, и стапов!” 26 Јуда ги препозна и рече: „Таа е поправедна од мене, зашто не и го дадов својот син Шела.” Но повеќе немаше работа со неа. 27 Кога и дојде време да роди, се покажа дека носела близнаци. 28 Додека раѓаше, едниот од нив ја испружи раката надвор. Тогаш бабицата врза црвен конец на неговата рака, велејќи: „Овој излезе прв!” 29 Но тој тогаш ја повлече раката, па излезе неговиот брат. А таа рече: „Каков ли пробив направи!” Затоа му го даде името Фарес. 30 Потоа излезе брат му, кој имаше црвен конец околу раката. Него го нарекоа Зара.
1 Јосифа го доведоа во Египет. Таму, од Исмаилците кои го доведоа тука, го купи Египетецот Петефриј, фараонов придворник и заповедник на неговата телесна стража. 2 Господ беше со Јосифа, затоа имаше успех во сè: Египетецот го зеде при себе, во куќата. 3 Неговиот господар виде дека е Господ со него и дека му дава успех во сè што неговата рака презема; 4 тој го засака и го зеде дворјанец, и го постави за управител на својот дом и му го довери сиот свој имот. 5 А откако го постави над домот свој и над сè што имаше, Господ го благослови домот на Египетецот заради Јосифа: Господовиот благослов беше на сè што имаше - во куќата и во полето. 6 И така сè свое и отстапи на Јосифовата грижа, па повеќе не се грижеше за ништо, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со складна става и убав. 7 По некое време господаровата жена се загледа во него и му рече: „Легни со мене!” 8 Тој и се спротиви и рече на жената на својот господар: „Гледај! Откако сум јас тука, мојот господар не се грижи за ништо во куќата; сè што има ми го довери мене. 9 Тој нема во куќава поголема власт отколку јас, и ништо не ми скратува освен тебе, зашто си негова жена. И како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!” 10 Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа. 11 Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата, 12 таа го фати за наметката и рече: „Легни со мене!” Но тој ја остави својата наметка во нејзината рака, се истрга и избега надвор. 13 Откако виде дека ја остави наметката во нејзината рака и дека избега надвор, 14 ги повика своите слуги и им рече: „Гледајте! Требаше да ни доведе еден Евреин, за да се подигрува со нас. Тој дојде при мене, за да легне со мене, но јас извикав со сиот глас. 15 А штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.” 16 Ја задржа неговата наметка кај себе, додека господарот дојде дома. 17 И нему му ја раскажа истата приказна: „Оној, слугата Евреинот, кого ни го доведе, дојде при мене, за да се подигрува со мене! 18 Но штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.” 19 Кога неговиот господар го чу раскажувањето на својата жена, која рече: „Ете, така постапи твојот слуга со мене”, се разгневи. 20 Господарот го грабна Јосифа и го фрли во темницата - таму каде што беа затворени царските затвореници. И остана во темницата. 21 Но Господ беше со него, му покажа благодат на Јосифа, и тој најде милост во очите на управителот на темницата. 22 Така управителот на темницата ги предаде во Јосифови раце сите затвореници, кои се наоѓаа во темницата; и таму не се правеше ништо без него. 23 Бидејќи Господ беше со него, управителот не надгледуваше ништо што му беше доверено на Јосифа: Господ беше со него, и што да преземеше, Господ му даваше успех.
1 Потоа виноцрпецот и лебопекарот на египетскиот цар му згрешија на својот господар - на египетскиот цар. 2 Фараонот се налути на своите два дворјани, на главниот пехарник и на главниот пекар, 3 па ги стави во затвор, во зградата на заповедникот на телохранителите - во истата темница каде беше затворен и Јосиф. 4 Началникот на телохранителите одреди Јосиф да ги послужува. Откако поминаа во затворот некое време, 5 тие двајца - виноцрпецот и лебарот на египетскиот цар, затвореници - видоа сон во иста ноќ. Секој сонуваше свој сон; и секој сон имаше свое значење. 6 Кога Јосиф дојде утрото при нив, забележа дека се нерасположени. 7 Ги праша фараоновите дворјани, кои беа со него во темницата, во зградата на неговиот господар: „Зошто сте денес така потиштени?” 8 Му одговорија: „Видовме соништа, но нема никој да ни ги протолкува.” Јосиф им рече: „Зар толкувањето не Му припаѓа на Бога? Ајде, раскажете ми!” 9 И главниот пехарник му го раскажа на Јосифа својот сон: „Сонував дека пред мене е лоза. 10 На лозата имаше три млади прачки. И туку што распупи, расцвета и на нејзините гроздови узреаја зрната. 11 Кога ја држев во раката фараоновата чаша, зедов грозје, го исцедив во фараоновата чаша, а тогаш ја ставив чашата во фараоновата рака.” 12 Јосиф му рече: „Ова ти е значењето: трите млади прачки се три дни. 13 По три дни фараонот ќе те помилува и ќе те врати на твоето работно место; пак ќе ја принесуваш чашата во фараоновата рака, како и порано, додека му беше виноцрпец. 14 Кога пак ќе ти биде добро, спомни си дека и јас бев со тебе, па направи ми ја оваа услуга: спомни ме пред фараонот и обиди се да ме избавиш од домов. 15 Зашто, навистина, бев одведен насила од земјата на Евреите; ни тука не сум сторил нешто лошо, а ме фрлија во темница.” 16 Кога главниот лебар виде како Јосиф даде добро толкување, му рече: „Сонував дека три бели кошници ми беа врз главата. 17 Во најгорната имаше разновидни печива, што пекар ги прави за фараонот, но птици јадеа од кошницата врз мојата глава.” 18 Јосиф одговори: „Ова е значењето: трите кошници се три дни. 19 По три дни фараонот ќе ја издигне твојата глава и ќе те обеси на дрво, па птиците ќе јадат месо од тебе.” 20 На третиот ден, на фараоновиот роденден, тој направи гозба за сите свои царедворци и си спомна за главниот виноцрпец и за главниот лебар среде своите службеници. 21 Го врати главниот виноцрпец во виноцрпачка служба, па и натаму ја ставаше чашата во фараоновата рака, 22 а го обеси главниот лебар, како што Јосиф им протолкува. 23 Сепак главниот виноцрпец не се сети за Јосифа - го заборави.
1 По две години, фараонот сонуваше дека стои покрај реката Нил. 2 Од Нил излегоа седум убави и дебели крави; и пасеа низ трските. 3 Но веднаш по нив излегоа други седум, грди и слаби крави, и застанаа покрај оние крави, на брегот на Нил. 4 Грдите и слабите крави ги изедоа убавите и дебелите, а тогаш фараонот се разбуди. 5 Пак заспа и виде друг сон: седум полни и крупни класови израснаа од едно стебленце. 6 Но, ете, по нив израснаа седум слаби класови, изгорени од источниот ветер. 7 Празните класови ги голтнаа седумте крупни и полни класови. И фараонот се разбуди, и ете: тоа беше сон. 8 Утрото, фараонот беше смутен во духот, па ги повика сите египетски волшебници и мудреци: им ги раскажа фараонот своите соништа, но никој не можеше да ги протолкува. 9 Тогаш главниот фараонов виноцрпец проговори: „Треба денес да си спомнам за еден свој пропуст. 10 Еднаш, кога фараонот се налути на своите службеници, на мене и на главниот лебопекар, нè стави во темницата на началникот на телохранителите. 11 Сонувавме сон во истата ноќ, и јас и тој, но секој од нас виде сон со друго значење. 12 Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон. 13 Како што ни ги протолкува, така и ни се случи: мене ме вратија на моето место, а оној го обесија.” 14 Фараонот веднаш испрати по Јосифа; го извлекоа набрзина од темницата; му ја истригаа косата, го облекоа во ново облекло, и тој стапи пред фараонот. 15 Тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Сонував сон, но никој не може да го протолкува, чув за тебе дека можеш да го протолкуваш сонот, штом ќе го чуеш.” 16 „Јас не можам ништо - му одговори Јосиф на фараонот - туку Бог ќе му даде вистински одговор на фараонот.” 17 Тогаш фараонот му раскажа на Јосифа: „Во својот сон стоев на брегот на Нил. 18 И ете! Седум дебели и убави крави излегоа од Нил, пасеа низ трските. 19 По нив излегоа седум други крави, беа слаби, многу грозни, костенливи, никогаш не видов толку грди крави во целата Египетска Земја! 20 И седумте слаби и грозни крави ги изедоа првите седум дебели крави. 21 Па иако ги проголтаа, не се гледаше дека имаат нешто во утробата: беа грозни како и порано. Тогаш се разбудив. 22 Потоа видов на сон како на едно стебленце израснаа седум полни и убави класови. 23 Но после нив израснаа седум згрчени, празни, класови, опалени од источен ветер. 24 И слабите класови ги изедоа седумте полни класови. Ова им го раскажав и на вражалците, но нема никој да ми објасни.” 25 Тогаш Јосиф му рече на фараонот: „Фараоновиот сон е само еден: Бог му јавува на фараонот што сака да направи. 26 Седумте убави крави, тоа се седум години; седумте убави класови пак се седум години. Тоа е само еден сон. 27 Седумте слаби и грозни крави по нив, а исто така и седумте празни, од источник опалени, класови, означуваат седум гладни години. 28 Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му јавува на фараонот што сака да направи. 29 Ете, настапуваат седум години на големо изобилство во сета Египетска Земја. 30 А по нив ќе дојдат седум гладни години, кога ќе се заборави сето изобилство во Египетската Земја. 31 Кога гладот ќе пустее низ земјата, не ќе се знае ни дека имало изобилство во земјата - заради гладот што ќе дојде - зашто ќе биде многу голем. 32 А тоа што фараоновиот сон се повтори, значи дека Бог навистина се одлучи за тоа и дека наскоро ќе го спроведе. 33 Затоа фараонот нека избере способен и мудар човек и нека го постави над Египетската Земја. 34 Натаму, фараонот нека се погрижи да постави надгледувачи во земјата, што ќе собираат една петинка од сета жетва во Египетската Земја во седумте години на изобилството. 35 Нека собираат од секого жито, во седумте добри години, што доаѓаат; нека, со фараоново овластување, собираат жито за храна и нека го чуваат во градовите. 36 Собраниот вишок нека служи за исхрана во земјата во седумте години на глад, што ќе ја снајде Египетската Земја, така што земјата да не пропадне од гладот.” 37 Им се допадна одговорот на фараонот и на сите негови службеници. 38 Затоа фараонот им рече на своите службеници: „Зар можеме да најдеме друг човек како што е овој, во кого е Божјиот Дух?” 39 А тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Откако Бог ти го откри сè тоа тебе, нема никој способен и мудар како што си ти. 40 Ти ќе бидеш управител на мојот дворец: сиот мој народ ќе им се покорува на твоите наредби. Единствено со престолот јас ќе бидам поголем од тебе. 41 Еве, те поставувам - му рече фараонот на Јосифа - над целата Египетска Земја.” 42 Потоа фараонот го извади печатниот прстен од својата рака и го стави на Јосифовата рака. И го облече Јосифа во облека од најубава ткаеница, а околу вратот му обеси златна огрлица. 43 Тој се возеше на кола, како негов заменик, а пред него викаа: „На колена!” Така го постави над целата Египетска Земја. 44 Уште фараонот му рече на Јосифа: „Иако сум јас фараон, никој нема да ги помрдне своите раце ни нозе без твое одобрение во целата Египетска Земја. 45 Фараонот го нарече Јосифа „Сафнат Панеах” и му ја даде за жена Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. И Јосиф тргна по целата Египетска Земја. 46 Јосиф беше на триесет години кога стапи во служба на фараонот, египетскиот цар. А откако отиде од пред фараонот, Јосиф патуваше низ целата Египетска Земја. 47 Во седумте плодни години, земјата раѓаше во изобилство; 48 во тие седум години што Египетската Земја ги уживаше - тој собираше од разните полски приходи и храната ја чуваше во градовите, сместувајќи ја во секој град жетвата од околните полиња. 49 Така Јосиф натрупа многу жито, како песок во морето, па прекрати да го мери, зашто беше без мерка. 50 Додека уште не настапија гладните години, на Јосифа му се родија два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. 51 На првороденецот Јосиф му го даде името Манасиј, „зашто Бог - рече - направи да ги заборавам своите тешкотии и својот татков дом.” 52 На вториот му го даде името Ефраим, „зашто Бог - рече - ме направи плоден во земјата на мојата неволја.” 53 Седумте години на изобилство, што ги уживаше Египетската Земја, дојдоа до крај, 54 а се приближија седумте гладни години, како што прорече Јосиф. Во сите земји беше глад, а во целата Египетска Земја имаше леб. 55 А кога и целата Египетска Земја почувствува глад, луѓето извикаа кон фараонот за леб; а фараонот им рече на сите Египетци: „Одете при Јосифа, и што ќе ви рече, правете!” 56 Кога гладот се прошири низ целата земја, Јосиф ги отвори житниците, па ги снабдуваше Египетците со жито, зашто гладот стана голем и во Египетската Земја. 57 Од сите земји доаѓаа во Египет, при Јосифа, да купуваат жито, зашто гладот се засили по целиот свет.
1 Кога Јаков чу дека има жито во Египет, им рече на своите синови: „Зошто гледате еден во друг! 2 Чув дека има жито во Египет! Отидете долу и набавете ни го оттаму, за да останеме во живот и да не изумреме.” 3 Така десетте Јосифови браќа слегоа да набават жито во Египет. 4 Јаков не го испрати со другите Венијамина, вистинскиот Јосифов брат. Велеше: „Да не му се случи некаква несреќа.” 5 Меѓу оние кои одеа да набават жито, зашто владееше глад во Ханаанската Земја, беа и Израелевите синови. 6 Јосиф беше управител во земјата; тој му продаваше жито на сиот народ на земјата. Така и Јосифовите браќа дојдоа и му се поклонија со лицето до земјата. 7 Јосиф ги препозна браќата, штом ги здогледа, но се однесуваше кон нив како странец и им зборуваше остро. Ги праша: „Од каде доаѓате?” Одговорија: „Од Ханаанската Земја, дојдовме да купиме храна.” 8 Иако Јосиф ги препозна своите браќа, тие не го препознаа него. 9 Јосиф си спомна за соништата што ги виде за нив. И им рече: „Вие сте согледувачи! Дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.” 10 Тие му одговорија: „Не, господару! Твоите слуги дојдоа да набават храна. 11 Сите ние сме синови на еден татко; чесни луѓе сме; твоите слуги никогаш не биле согледувачи.” 12 Тој пак им рече: „Не, туку дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.” 13 Тие одговорија: „Ние, твоите слуги, бевме дванаесет браќа - синови на еден татко - во Ханаанската Земја; најмладиот е сега со таткото, а едниот веќе го нема.” 14 Но Јосиф им дофрли: „Онака е како што веќе ви реков: вие сте согледувачи! 15 Вака ќе ве испитам: жив да ми е фараонот, оттука нема да излезете, ако вашиот најмлад брат не дојде тука! 16 Испратете еден од вас да ви го доведе братот, а вие другите во темница! Така ќе го проверам вашето тврдење и ќе видам дали е вистината со вас или не е. Инаку, жив да ми биде фараонот, вие сте согледувачи.” 17 Потоа ги фрли во темница за три дни. 18 На третиот ден, Јосиф им рече: „Извршете го тоа, и ќе останете во живот, зашто јас сум човек, кој се бои од Бога. 19 Ако сте чесни, еден од вас нека остане во затворот, а вие другите одете си и однесете го житото во својот дом што гладува. 20 Потоа доведете ми го вашиот најмлад брат, за да докажете дека се вистинити вашите зборови и да не загинете.” Тие се согласија. 21 И еден на друг си велеа: „Тешко ни нам! Нè стигна казна заради нашиот брат; ја гледавме неговата мака додека нè молеше за милост, ама не го послушавме. Затоа нè снајде оваа неволја.” 22 Рувим им одговори: „Зар не ви зборував: ‘Не грешете против детето!’ Но вие не слушавте. Сега се бара сметка за неговата крв.” 23 Не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто зборуваа со него преку преведувач. 24 Тој се оддалечи од нив и заплака. Пак се врати и разговараше со нив. И го одвои Симеона од нив и нареди да биде врзан пред нивни очи. 25 А Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат. Така им сторија. 26 Тие го натоварија житото на своите ослиња и тргнаа оттаму. 27 Кога еден од нив ја отвори, во преноќиштето, својата вреќа, за да го нахрани ослето, ги виде своите сребреници одозгора во вреќата. 28 „Моето сребро ми е вратено! - им извика на браќата. - Еве го во мојата вреќа!” Срцето затрепери во нив. Се загледаа уплашени и рекоа: „Што ни го стори ова Бог?” 29 Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи. 30 „Човекот, кој е господар на онаа земја - рекоа - ни зборуваше остро и нè обвини како согледувачи. 31 ‘Чесни луѓе сме - му рековме - и никогаш не сме биле извидници. 32 Бевме дванаесет браќа, синови на ист татко, но едниот веќе го нема, додека најмладиот се наоѓа сега со нашиот татко во Ханаанската Земја.’ 33 Но човекот, кој управува над таа земја, ни рече: ‘Вака ќе научам дали сте чесни луѓе: оставете еден брат кај мене, а вие другите земете жито заради гладот на вашите семејства, па одете си. 34 И доведете ми го вашиот најмлад брат, така да знам дека не сте согледувачи, туку чесни луѓе. Па ќе ви го вратам вашиот брат, а вие ќе можете слободно да се движите низ земјава.’” 35 Кога ги празнеа своите вреќи, секој го најде своето сребро во вреќата. Забележувајќи го тоа, се исплашија и тие и нивниот татко. 36 „Вие ме оставате мене без деца! - им рече татко им Јаков. - Јосифа го снема, Симеона го нема, а сега сакате да го одведете и Венијамина. Сè тоа паѓа врз мене!” 37 А Рувим му рече на татка си: „Убиј ги моите два сина, ако не ти го доведам назад! Предај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам!” 38 „Син ми нема да дојде со вас! - им одговори. - Неговиот вистински брат веќе е мртов, и тој остана сам. Ако му се случи несреќа, на патот по кој ќе тргнете, ќе ја испратите со тага мојата седа глава во гробот!”
1 Страшен глад ја притисна земјата. 2 Кога ја изедоа храната, што ја донесоа од Египет, нивниот татко им рече: „Одете пак и набавете ни малку храна.” 3 А Јуда му рече: „Оној човек ни рече јасно: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’ 4 И така, ако сакаш да го испратиш нашиот брат со нас, ние ќе отидеме таму и ќе ти купиме жито. 5 Но ако не го пушташ него со нас, тогаш ние таму и нема да одиме, зашто оној ни се закани: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’” 6 „Зошто ми правите зло - праша Израел - кажувајќи му на човекот дека имате уште еден брат?” 7 Тие одговорија: „Човекот нè распрашуваше непрекратно за нас и за нашето семејство: ‘Уште ли е жив татко ви? Имате ли уште некој брат?’ Ние му одговаравме на прашањата. Како можевме да знаеме дека ќе рече: ‘Доведете го брата си!’” 8 Потоа Јуда му рече на татка си Израел: „Пушти го детето со мене, па да станеме и да тргнеме; така ќе преживееме, а нема да изумреме, и ние и ти и нашите деца. 9 Јас емчам за него, и сметај ме одговорен за него. Ако не ти го вратам тебе и ако не го доведам пред тебе, ќе ти бидам виновен засекогаш. 10 Па ако не се двоумевме толку, можевме веќе и двапати да се вратиме.” 11 Нивниот татко Израел им рече: „Штом е така, нека биде; ама направете го ова: ставете во торбите најодбрани производи на оваа земја: малку балсам, малку мед и миродии, мириси и смирна, и лешници и бадеми, и однесете му ги како дар на оној човек. 12 Земете со себе двојно сребреници, зашто треба да бидат вратени сребрениците, што ги најдовте во отворите на вреќите. Можеби она беше забуна. 13 Земете го својот брат и запатете се пак при оној човек. 14 Нека Ел Шадај (Сèмоќниот Бог) го поттикне оној човек на милост кон нас, па да ви ги пушти и другиот брат и Венијамина. А јас, ако треба да останам без деца, нека останам.” 15 Луѓето ги зедоа даровите; зедоа двојно сребреници со себе, го поведоа Венијамина и слегоа во Египет, и стапија пред Јосифа. 16 Кога Јосиф го здогледа Венијамина со нив, му рече на управителот на своето домаќинство: „Одведи ги луѓето во куќата, заколи едно добиче и зготви, зашто луѓево ќе ручаат со мене на пладне!” 17 Човекот направи како што му рече Јосиф и ги поведе луѓето во Јосифовиот дом. 18 Луѓето се исплашија кога ги поведоа во Јосифовиот дом и рекоа: „Заради сребрениците што ги најдовме во нашите вреќи, првиот пат, нè водат нас внатре, да нè нападнат и да нè земат за робови, заедно со нашите ослиња.” 19 Заради тоа му се приближија на управителот на Јосифовиот дом и, при влезот на куќата, му рекоа: 20 „Прости, господару! Ние, еднаш, и порано дојдовме да набавиме храна; 21 и кога стигнавме во преноќиштето и ги отворивме нашите вреќи; а ете сребрениците на секој од нас: одозгора во неговата вреќа, нашите сребреници, исто количество, сега ги донесовме со себе. 22 А донесовме и други сребреници, за да купиме храна. Ние не знаеме кој ни ги стави сребрениците во нашите вреќи.” 23 „Бидете мирни! - им рече тој. - Не бојте се! Вашиот Бог и Бог на вашиот татко го стави благото во вашите вреќи; вашите сребреници стигнаа при мене.” Потоа им го изведе Симеона. 24 Тогаш човекот ги воведе луѓето во Јосифовата куќа; им даде вода да си ги измијат нозете; а на нивните ослиња им даде храна. 25 Потоа тие ги приготвија своите подароци до Јосифовото доаѓање на пладне, зашто чуја дека ќе ручаат таму. 26 Кога Јосиф дојде дома, му ги дадоа даровите што ги донесоа со себе, и му се поклонија до земја. 27 Тој ги праша за здравјето, а натаму рече: „А дали е добар вашиот стар татко, за кого што ми зборувавте? Дали му е добро здравјето?” 28 „Твојот слуга, нашиот татко, добар е и здравјето му е уште добро”, одговорија и му се поклонија, искажувајќи му почитување. 29 Подигајќи ги своите очи, Јосиф го забележа својот брат Венијамин - синот на мајка си - и праша: „Овој ли е вашиот најмлад брат, за кого ми зборувавте?” И продолжи: „Божјата милост да биде со тебе, сине мој!” 30 Па Јосиф се оддалечи брзо, зашто му се возбуди срцето заради братот; му идеше да заплаче. Влезе во една соба и таму се изнаплака. 31 Тогаш го изми лицето, се јави повторно и, совладувајќи се, нареди: „Послужете ручек!” 32 Му ставија нему одделно, ним одделно, а пак одделно на Египетците, кои јадеа со него. Египетците не би можеле да јадат со Евреи, зашто тоа би им било одвратно на Египетците. 33 И кога седнаа пред него, најстариот според своето првородство, а најмладиот според својата младост, само се загледуваа. 34 И тој наредуваше јадењата од пред него да ги носат при нив, а Венијаминовиот дел беше петпати поголем од сите други. И пиеја и се гостеа со него.
1 Тогаш Јосиф му нареди на управителот на своето домаќинство: „Наполни ги вреќите на луѓево, со храна, колку што можат да носат, а сребрениците на секого стави ги при отворот на неговата вреќа. 2 А мојата чаша - онаа од сребро - стави ја во отворот на вреќата на најмладиот, заедно со неговото сребро за житото.” Тој направи како што му нареди Јосиф. 3 Кога се раздени, ги испратија луѓето и нивните ослиња. 4 Точно по излегување од градот - не беа заминати далеку - кога Јосиф му рече на началникот на својот дом: „На нозе! Тргни по луѓето! Кога ќе ги стигнеш, речи им: ‘Зошто враќате зло за добро? 5 Зар мојот господар не пие од онаа чаша и не чита пророштва од неа? Направивте зло!’” 6 Откако ги стигна, ги повтори зборовите. 7 Тие одговорија: „Зошто господарот ни зборува така? Далеку да е од твоите слуги да сторат нешто такво! 8 Па и сребрениците што ги најдовме во своите вреќи, ти ги вративме назад од Ханаанската Земја. Како би можеле тогаш да украдеме сребро или злато од куќата на твојот господар! 9 Оној, од твоите слуги, во кого ќе се најде, нека биде убиен, а ние другите ќе му станеме робови на твојот господар.” 10 „Иако е право тоа што го предлагате - рече тој - сепак само оној, кај кого ќе биде најдено украденото, ќе биде мој роб, а другите ќе бидете слободни.” 11 Бргу ги спуштија вреќите на земја и секој ја отвори својата вреќа. 12 Тој пребаруваше, почнувајќи од највозрасниот и завршувајќи со најмладиот, чашата беше најдена во Венијаминовата вреќа. 13 Тогаш тие ги скинаа своите облеки; секој повторно го натовари своето осле и се вратија во градот. 14 Кога Јуда и неговите браќа стапија пак во Јосифовиот дом, тој уште беше таму, и паднаа пред него на земја. 15 Јосиф им рече: „Какво е тоа дело што го сторивте? Зар не знаете дека човек, каков што сум јас, се бави со пророкување?” 16 Јуда одговори на тоа: „Што можеме да му речеме на својот господар? Што можеме да му кажеме? Со што да се оправдаме? Бог го откри злоделото на твоите слуги. Еве нè за робови на својот господар - еднакво и ние и оној, кај кого е најдена чашата.” 17 „Далеку од мене да направам така! - одговори. - Туку, мој роб ќе биде оној, кај кого е најдена чашата, а вие другите одете си мирно при својот татко!” 18 Тогаш Јуда му се приближи и рече: „Господару мој, те молам, дозволи му на својот слуга да му каже збор, на ушите на својот господар, и твојот гнев нека не се разлева на твојот слуга; па ти си рамен на фараонот. 19 Мојот господар ги праша своите слуги: „Имате ли татко или уште некој брат?” 20 Му одговоривме на својот господар: „Имаме стар татко; тој има уште еден син, роден во неговата старост, тој е најмлад, неговиот брат умре, така што тој остана единствен од својата мајка. Неговиот татко го љуби особено.” 21 Потоа им рече на своите слуги: ‘Доведете ми го ваму, за да го видат моите очи!’ 22 А ние му одговоривме на својот господар: ‘Детето не може да го остави таткото; кога би го оставил, таткото би умрел.’ 23 Но ти им рече на своите слуги: ‘Ако вашиот најмлад брат не дојде со вас ваму, нема повеќе да го видите лицето мое.’ 24 Кога се вративме при твојот слуга, мојот татко, му ги кажавме зборовите на мојот господар. 25 Нашиот татко ни рече: ‘Одете пак и набавете ни малку храна!’ 26 Му одговоривме: ‘Не можеме таму, само ако тргне со нас нашиот најмлад брат, ќе слеземе, зашто не смееме пред оној човек, ако нашиот најмлад брат не биде со нас.’ 27 Твојот слуга, татко ми, ни одговори: ‘Како што знаете, мојата жена ми роди два сина. 28 Едниот го снема, па заклучив: дека е растрган од ѕвер. Оттогаш веќе не го видов. 29 Ако и овој го одведете од мене, па му се случи некаква несреќа, ќе ја фрлите со тага мојата седа глава долу, во Шеолот (гроб).’ 30 Ако сега дојдам при твојот слуга, мојот татко, а младецот - чиј живот е поврзан толку со неговиот - не биде со нас, 31 тој ќе умре кога ќе види дека детето го нема со нас; така твоите слуги ќе ја фрлат со тага седата глава на твојот слуга, на татка ни, долу во Шеолот. 32 Зашто твојот слуга му заемчи на татка си за детето, велејќи: ‘Ако не ти го вратам, ќе му бидам виновен на татка си засекогаш.’ 33 Затоа, те молам, твојот слуга нека остане како роб на мојот господар, а детето нека оди назад со браќата. 34 Зашто, како ќе отидам при татка си, ако детето не биде со мене! Не би можел да го гледам јадот, што би го снашол татка ми.”
1 Јосиф не можеше веќе да се совладува пред оние, кои го опкружуваа, па извика: „Нека отстапат сите!” Така не остана никој со Јосифа, кога им се откри на браќата. 2 Заплака гласно одеднаш, да можеа и Египетците да го чујат. Се научи за тоа и во фараоновиот дворец. 3 „Јас сум Јосиф - им рече Јосиф на браќа си. - Дали е татко ми уште жив?” Но браќата не можеа да му одговорат, толку се смутија пред него. 4 Јосиф им рече пак на браќата: „Приближете се кон мене!” Кога се приближија, продолжи: „Јас сум Јосиф, вашиот брат; кого го продадовте во Египет. 5 Но сега не се возбудувајте и не жалете за тоа дека ме продадовте ваму; зашто Бог е Оној, Кој ме испрати пред вас, за запазување на вашиот живот. 6 Веќе две години се откако дојде гладот на земјата, а уште пет години нема да има ни орање ни жетва во земјата. 7 Затоа Бог ме испрати пред вас, за да ви биде запазен остатокот на земјата и да ви го спаси животот со големо избавување. 8 Така, вие не ме испративте ваму, туку Бог; Тој ме постави фараонов татко, господар над сиот негов дом и владетел над целата Египетска Земја. 9 Побрзајте кон мојот татко и речете му: ‘Твојот син Јосиф ти го порачува ова: „Бог ме постави за господар на целиот Египет; слези при мене без двоумење. 10 Ќе се настаниш во крајот Гесен. Така ќе бидеш близу до мене: ти, твоите деца, твоите внуци, твоите овци и говеда и сè што е твое. 11 Таму ќе се грижам за тебе, зашто гладот ќе потрае уште пет години. Така не ќе скуднееш ни ти, ни твоето семејство, ниту кој и да е твој.”‘ 12 Па со своите очи можете да видите, како што гледа и брат ми Венијамин, дека мојата уста ви го зборува тоа. 13 Раскажете му на таткото за мојот висок положај во Египет и за сè што видовте; и доведете ми го таткото бргу ваму!” 14 И го прегрна братот Венијамин и заплака; а плачеше и Венијамин, прегрнувајќи го околу вратот. 15 Потоа ги изљуби сите свои браќа, им се расплака во прегратка. Потоа неговите браќа разговараа со него. 16 Гласот се расчу во фараоновиот дворец: „Јосифовите браќа стигнаа!” Тоа им беше мило на фараонот и на неговите царедворци. 17 А фараонот му рече на Јосифа: „Кажи им на своите браќа нека го направат ова: ‘Натоварете ги своите добичиња и тргнете веднаш во Ханаанската Земја. 18 Земете ги татка си и своите семејства и дојдете при мене! Јас ќе ви ја дадам најдобрата земја во Египет, па ќе уживате во изобилството на земјава.’” 19 А го заповеда и ова: „Направете вака: Од Египетската Земја, спотерајте коли за своите деца и за своите жени, земете го таткото и дојдете. 20 Нека вашите очи не се натажат за вашите работи, зашто сè што е најдобро во Египет, ќе биде ваше.” 21 Израелевите синови направија така. Според фараоновата повелба Јосиф им даде коли и храна за по пат. 22 Секому од нив му даде нова облека, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет облеки. 23 Исто така, му испрати на татка си: десет ослиња натоварени со најдобри египетски плодови, и десет ослиња натоварени со жито, леб и прехранбени производи, за по пат на таткото. 24 Испраќајќи ги своите браќа на пат, им рече: „Не се препирајте патем!” 25 И така, тие си отидоа од Египет и стигнаа во Ханаанската Земја, при татка си Јакова. 26 Кога му рекоа: „Јосиф е жив и уште повеќе - владее над целата Египетска Земја!” Неговото срце се скамени, зашто не можеше да им верува. 27 Но кога му раскажаа сè што им рече Јосиф, и кога ги видоа колите, што ги испрати Јосиф, за да го превезат, духот на татка им Јакова оживе. 28 „Доста - рече Израел. - Мојот син Јосиф уште е жив. Треба да тргнам и да го видам пред да умрам.”
1 И така, Израел тргна на пат, со сè што беше негово, и стигна во Вирсавеа, па Му принесе жртва на Бога на татка си Исака. 2 Бог го повика Израела, во ноќно видение: „Јакове! Јакове!” Тој одговори: „Еве ме!” 3 „Јас Сум Бог, Бог на татка ти. Не бој се да слезеш во Египет, зашто таму ќе произведам голем народ од тебе. 4 Јас ќе слезам во Египет со тебе и Самиот ќе те вратам ваму; а Јосиф ќе ти ги склопи очите со свои раце.” 5 И Јаков тргна од Вирсавеа. Израелевите синови ги сместија: татка си Јакова, своите деца и своите жени во колите, што фараонот ги испрати, за да го превезат. 6 Ги зедоа со себе својот добиток и имотот што го спечалија во Ханаанската Земја, и пристигнаа во Египет - Јаков и сето негово потомство. 7 Со себе ги доведе во Египет своите синови и внуци, своите ќерки и ќерките на своите синови, сиот свој род. 8 Овие се имињата на Израелевите синови - на Јакова и на неговите потомци - кои стигнаа во Египет: Јакововиот првенец Рувим. 9 Рувимови синови: Енох, Фалу, Есрок и Хармиј. 10 Симеонови синови: Емуил, Јамин, Аод, Јахин, Сохар и Саул, син на Хананка. 11 Левиеви синови: Гирсон, Каат и Мерариј. 12 Јудини синови: Ир, Онан, Шела, Фарес и Зара; Ир и Онан умреа во Ханаанската Земја. Фаресови синови беа: Есрон и Амул. 13 Исахарови синови: Тола, Фуа, Јов и Симрон. 14 Завулонови синови: Серед, Елон и Јалеил. 15 Тоа се синовите кои Лија ги имаше со Јакова во Падан Арам, и уште ќерката Дина. И така, ги имаше вкупно триесет и три. 16 Гадови синови: Сифон, Агиј, Суниј, Есвон, Ириј, Ародиј и Арилиј. 17 Асирови синови: Емна, Есуа, Есуј и Верија, и сестра им Сера. Вериеви синови: Хевер и Малхиел. 18 Тоа беа потомците на Зелфа, која Лаван и ја подари на ќерка си Лија. Така, таа му роди на Јакова шеснаесет души. 19 Синови на Јакововата жена Рахила: Јосиф и Венијамин. 20 На Јосифа му се родија во Египетската Земја Манасиј и Ефрем. Му ги роди ќерката на Онскиот свештеник Поти Фер. 21 Венијаминови синови: Вела, Вехер, Асвил, Гира, Нааман, Ихиј, Рос, Мупим, Упим и Аред. 22 Тоа беа Рахилините потомци, кои му ги роди на Јакова - вкупно четиринаесет души. 23 Данов син е Усим. 24 Нефталимови синови: Јасиил, Гуниј, Есер и Силим. 25 Тоа беа потомците на Вала, која Лаван и ја даде на ќерка си Рахила. Таа му роди на Јакова седум потомци. 26 Така сите Јаковови деца, што произлегоа од него и што се населија во Египет - не сметајќи ги жените на Јакововите синови - вкупно беа шеесет и шест. 27 И кон тоа два Јосифова сина, кои му се родија во Египет. Според тоа, сите души на Јакововиот дом, кои се населија во Египет, беа седумдесет. 28 Јаков го испрати Јуда, напред, при Јосифа за да се појави пред него во Гесен. Кога стигнаа во Гесенскиот Крај, 29 Јосиф ја спрегна својата кола и се запати во Гесен - во пресрет на татка си Израел. Стапувајќи пред него, го прегрна околу вратот и така плачеше долго. 30 Тогаш Израел му рече на Јосифа: „Сега можам да умрам, откако видов, со свои очи, дека си жив.” 31 Потоа Јосиф им рече на своите браќа и на татковиот дом: „Ќе отидам и ќе го известам фараонот; ќе му речам: ‘Браќа ми и семејството на татка ми, кои беа во Ханаанската Земја, дојдоа при мене. 32 Тие се луѓе пастири, секогаш се занимаваа со сточарство; ги доведоа со себе своите стада и сè што имаа.’ 33 Така, кога фараонот ќе ве повика и ќе ве праша: ‘Со што се занимавате?’ 34 Одговорете: ‘Луѓе сме, твоите слуги, кои од почеток досега се занимаваме со сточарство; и ние и нашите предци’, за да ве населат во Гесен. Имено, сите пастири им се одвратни на Египетците.”
1 И Јосиф отиде и го извести фараонот: „Татко ми и браќа ми стигнаа со својот ситен и крупен добиток, и со сè што имаа, од Ханаанската Земја, и ене ги во Гесенската Земја.” 2 И земајќи петмина од своите браќа, ги воведе при фараонот. 3 А фараонот ги праша неговите браќа: „Со што се занимавате?” Му одговорија на фараонот: „Твоите слуги се сточари; како и нашите татковци. 4 Дојдовме да поживееме во земјава - му рекоа на фараонот - зашто ги снема пасиштата за стадата на твоите слуги. Страшен глад ја притисна Ханаанската Земја. Дозволи ни: твоите слуги да се населат во Гесенскиот Крај.” 5 Фараонот му рече на Јосифа: „Татко ти и браќа ти дојдоа кај тебе. 6 Египетската Земја е пред тебе; насели ги татка ти и браќа ти во најубавото место на земјава; тие нека живеат во крајот Гесен. А ако знаеш дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледувачи на мојот добиток.” 7 И Јосиф го доведе татка си Јакова и му го претстави на фараонот. Јаков го благослови фараонот. 8 Фараонот го праша Јакова: „Колку се годините на твојот живот?” 9 Јаков му одговори на фараонот: „Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет години, малку и несреќни беа годините на мојот живот; не ги достигнаа годините на животот на моите татковци во дните на нивните скитања.” 10 Потоа Јаков го благослови фараонот и си отиде од кај него. 11 Така Јосиф ги насели татка си и своите браќа, давајќи им го во сопственост најубавиот крај на Египетската Земја, во Рамзескиот Крај, како што нареди фараонот. 12 А Јосиф ги снабде со храна татка си, своите браќа и целото татково семејство сè до најмалиот. 13 Никаде немаше храна: зашто притисна страшен глад: тој ги измачи и Египетската Земја и Ханаанската Земја. 14 Јосиф ги собра сите сребреници што се наоѓаа во Египетската Земја и во Ханаанската Земја за житото, што беше продавано, и ги однесе сребрениците во фараоновиот дворец. 15 Кога ги снема сребрениците во Египетската Земја и во Ханаанската Земја, сите Египетци дојдоа при Јосифа и му рекоа: „Дај ни леб! Зошто да изумреме пред твои очи? Нема веќе сребро.” 16 Јосиф одговори: „Дотерајте го својот добиток, па ќе ви дадам жито во замена за добитокот, штом ги снема сребрениците.” 17 Така тие го дотеруваа својот добиток при Јосифа; а Јосиф им даваше леб во замена за коњите, за ситниот и крупниот добиток и за ослињата. И ги снабдуваше во таа година со леб во замена за сиот нивни добиток. 18 Кога помина годината, дојдоа при него и во втората година и му рекоа: „Не можеме да скриеме од нашиот господар: сребрениците ги снема, добитокот е веќе отстапен на господарот; не ни останува ништо друго да му отстапиме на господарот освен себеси и нашите ораници. 19 Зошто да погинеме во твоите очи, и ние и нашата земја? Купи нè нас и нашата земја за леб; и така ќе станеме фараонови робови заедно со нашата земја; дај ни семе за да преживееме: да не умреме и да не запустат нашите ораници!” 20 Така Јосиф ја купи за фараонот сета Египетска Земја, зашто секој Египетец, кога го притисна гладот, ги продаде своите ниви. Така земјата стана фараонова сопственост, 21 а народот, од едниот до другиот крај на Египет, негово робје. 22 Единствено не ги купи свештеничките имоти, зашто фараонот им даваше на свештениците одреден дел, и така живееја од приходот што им го даваше фараонот, затоа не ги продадоа своите имоти. 23 А Јосиф му рече на народот: „Бидејќи денес ве купив за фараонот и вас и вашата земја, еве ви семе, па засејте ја земјата. 24 Но кога ќе биде жетвата, ќе му давате на фараонот една петина, додека четири петини ќе ви остануваат вам: за засејување на полето, за храна за вас и за оние, кои се во вашите домови и за храна на вашите деца.” 25 Тие одговорија: „Ни го спаси животот! Ние сме му благодарни на нашиот господар, зашто можеме да бидеме фараонови робови.” 26 Така Јосиф го постави земјоделскиот закон во Египет, што важи и денес: петината му припаѓа на фараонот; исклучувајќи ја само земјата на свештениците, што не му припаѓаше на фараонот. 27 Израел живееше во Египетската Земја, во Гесенскиот Крај; во него добија сопственост; беа плодни и се намножија многу. 28 Јаков поживеа седумнаесет години во Египетската Земја. А должината на Јакововиот живот достигна сто четириесет и седум години. 29 Кога му наближи на Израела времето да умре, го повика сина си Јосифа и му рече: „Ако најдов милост во твоите очи, стави ја раката под моето бедро, за да пројавиш милост и правда кон мене: Не ме погребувај во Египет! 30 За да легнам долу, со своите татковци, пренеси ме од Египет горе и погреби ме во нивната гробница!” А тој рече: „Ќе сторам според твоите зборови.” 31 И му рече: „Заколни ми се!” И тој му се заколна. Тогаш Израел се поклони длабоко врз перницата на постелата.
1 По некое време му јавија на Јосифа: „Ене, татко ти се разболе.” Тогаш тој ги зеде со себе своите два сина Манасиј и Ефрем. 2 Кога му рекоа на Јакова: „Еве ти дојде синот Јосиф”, Израел ја собра својата сила и седна на постелата. 3 Јаков му рече на Јосифа: „Ел Шадај (Сèмоќниот Бог) ми се јави во Луз, во Ханаанската Земја; и ме благослови, 4 а потоа ми рече: ‘Ќе те направам плоден и многуброен, и ќе произведам од тебе мноштво народи, и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја во вечна сопственост.’ 5 Сега, двата твои сина, кои ти се родија во Египетската Земја, пред да дојдам јас при тебе во Египет, нека бидат мои - Ефрем и Манасиј нека бидат мои, како и Рувим и Симеон! 6 А децата кои ти се родија по нив нека останат твои; а во нивното наследство нека се викаат со името на своите браќа. 7 Имено, кога се враќав од Падан (Месопотамија), за моја жалост, почина мајка ти Рахила при патувањето во Ханаанската Земја, на сосем мала оддалеченост од Ефрат. Јас ја погребав таму покрај патот за Ефрат, денешниот Витлеем. 8 Забележувајќи ги Израел Јосифовите синови, праша: „Кои се овие?” 9 Јосиф му одговори на татка си: „Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог тука.” „Доведи ми ги да ги благословам”, рече. 10 Израелевите очи беа ослабени, од старост, не гледаше. Затоа му ги приведе синовите, а тој ги пољуби и ги прегрна. 11 И Израел му рече на Јосифа: „Не се надевав да го видам твоето лице; но, ете, Бог ми даде да ги видам и твоите деца.” 12 Тогаш Јосиф ги слезе од неговите колена и му се поклони со лицето до земја. 13 И Јосиф ги зеде двајцата - Ефрема со својата десница: одлево на Израел, а Манасиј со својата левица: оддесно на Израел - па ги приближи до него. 14 Но Израел ја протегна својата десна рака и ја стави врз Ефремовата глава, иако беше помлад, а левицата врз Манасиевата глава - иако Манасиј беше првороденец. 15 Па го благослови Јосифа, и рече: „Бог, по чии патишта одеа моите татковци Авраам и Исак; Бог, Кој ми беше Пастир од кога постојам па сè до денес, 16 ангелот, кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови децава! Преку нив, нека се спомнува моето име и името на моите предци Авраам и Исак! Да се размножат на земјата во многубројни мноштва!” 17 Кога Јосиф виде дека неговиот татко ја стави десницата врз Ефремовата глава, не му беше мило; затоа посегна по раката на татка си да ја премести од Ефремовата глава врз Манасиевата глава. 18 „Не, така, татко мој - му рече Јосиф на татка си - зашто овој е првенец; затоа возложи ја десницата на неговата глава!” 19 Но неговиот татко го одби, велејќи: „Јас знам сине мој, знам; и од него ќе стане народ и ќе биде голем. Но неговиот помлад брат ќе биде поголем од него, од него ќе произлезе многуброен народ.” 20 И ги благослови во тој ден, зборувајќи: „Израел ќе биде благословуван преку вас, велејќи: ‘Бог нека ти направи и тебе, како на Ефрема и Манасија!’” Така го стави Ефрема пред Манасија. 21 Потоа Израел му рече на Јосифа: „Еве, јас ќе умрам скоро; но Бог ќе биде со вас и пак ќе ве врати во земјата на вашите татковци. 22 А тебе ти оставам дел повеќе отколку на браќата твои, што го освоив, со мојот меч и лак, од Аморејците.”
1 Потоа Јаков ги повика сите свои синови и рече: „Соберете се, за да ви кажам што ќе биде со вас во идните времиња: 2 Соберете се, чујте, Јаковови синови, послушајте го татка си Израел! 3 Ти, Рувиме, првороденец мој, ти си моја тврдина, првенец на мојата сила. Се истакнуваш со достоинство, се истакнуваш со сила. 4 Но, буен како вода, не ќе имаш повеќе првенство, зашто го оскверни леглото на татка си, и ја онечисти мојата постела. 5 Симеон и Леви се браќа! Мечевите им се оружје на насилство. 6 Јас не учествував во нивните советувања, не зедов дел во нивните собранија! Во својот гнев убиваа луѓе; во бес ги пресекоа жилите на воловите. 7 Проклет да им е гневот, зашто беше прежесток! Проклета да им е јароста, зашто беше пресурова! Ќе ги разделам во Јакова, ќе ги распрснам низ Израел. 8 Јудо! Твоите браќа ќе те слават, раката ти е секогаш врз вратот на непријателот, синовите на татка ти ќе ти се поклонуваат. 9 Јудо, лавче младо! Си се здебелил, сине, од лов; клекна, легна како лав и како лавица: кој ќе го разбуди? 10 Нема да се оддалечат од Јуда: ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому Му припаѓа, кому ќе Му се покорат народите. 11 Го врзува своето ждребе за лозата, а неговото младо осле за племенита пенушка. Тој ја пере својата облека во вино, својата носија во крвта на грозјето. 12 Неговите очи ќе црвенеат од вино, забите ќе белеат од млеко. 13 Завулон ќе живее покрај морскиот брег, ќе биде пристаниште на бродови и ќе граничи со Сидон. 14 Исахар е јако осле, легнато меѓу оградите. 15 Виде дека починката е пријатна, а земјата убава, па ги подметна своите плеќи под бреме и се согласи со потчинетост. 16 Дан ќе го суди својот народ, како секое Израелево племе. 17 Дан нека биде змија на патот, отровница покрај патека, што ќе го касне коњот за ногата, така што јавачот ќе падне назад. 18 Господи, се надевам на Твоето спасение! 19 Разбојниците ќе го ограбуваат Гад, но и тој со грабеж ќе им биде зад петиците. 20 Кај Асира ќе има леб, и ќе доставуваат царски слатки. 21 Нефталим е брза срна, што говори убави зборови. 22 Јосиф е плодоносна гранка, плодна гранка покрај извор, гранчињата и се простираат над ѕидот. 23 Стрелци го огорчија, стрелаа на него, и го гонеа. 24 Но неговиот лак останува цврст, мишките му зајакнаа, преку рацете на Силниот Јаковов, преку името на Пастирот, на Израелевата Стена, 25 Од Бога, твој Татко, Кој ќе ти помага, преку Сèсилниот, Кој ќе те благословува со небесни благослови одозгора, со благослови на бездната одоздола, со благослови на градите и на утробите ! 26 Со благословите на татка ти, што ги надвишуваат благословите на старите гори и убавините на вечните брегови - тие нека се спуштат врз Јосифа, на посветениот меѓу браќата! 27 Венијамин е граблив волк, наутро ќе го јаде ловот, а навечер ќе го дели пленот.” 28 Сите тие беа Израелеви племиња - дванаесет на број - и тоа им го рече таткото кога ги благословуваше; секого од нив го благослови со негов благослов. 29 И тој им заповеда: „Скоро ќе им се придружам на своите луѓе. Погребете ме покрај моите татковци, 30 во пештерата, што се наоѓа во нивата на Ефрон, Хетеецот, во пештерата на полето Махпела, спроти Мамвриј, во Ханаанската Земја, која Авраам ја купи со нивата на Хетеецот Ефрон за место за погребување. 31 Таму беа погребани Авраам и жена му Сара; таму беа погребани Исак и жена му Ревека; таму јас ја погребав Лија. 32 Нивата и пештерата, во неа, се купени од Хетеевите синови.” 33 Кога Јаков им ги кажа заповедите на своите синови, ги повлече нозете на постела и издивна - им се придружи на своите луѓе.
1 Јосиф падна на лицето на татка си, го облеа со солзи и го изљуби. 2 Потоа Јосиф им нареди на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат татка му; и тие го балсамираа Израел. 3 Поминаа четириесет денови: имено, толку трае балсамирањето. Египетците го оплакуваа седумдесет денови. 4 А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот: 5 мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.” 6 Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.” 7 Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја; 8 целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја. 9 Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка. 10 Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си. 11 Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!” Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан. 12 Јакововите синови направија како што им нареди таткото: 13 го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување. 14 Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му. 15 Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?” 16 Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача: 17 ‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.”‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!” На тие зборови Јосиф се расплака. 18 Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нè кај тебе да ти бидеме робови!” 19 Јосиф одговори: „Не бојте се! Па зар сум јас место Бога! 20 Освен тоа, иако имавте вие намера да ми сторите зло, Бог го сврте тоа кон добро: да направи тоа што се случува денес - да спаси живот на голем народ. 21 Затоа не бојте се! Јас ќе се грижам за вас и за вашите деца.” Така ги смири со љубезни зборови. 22 Јосиф остана во Египет заедно со својот и со татковиот род; Јосиф живееше сто и десет години. 23 Така Јосиф ги виде Ефремовите деца до третото колено; а му се раѓаа деца и на Махир, синот Манасиев, на Јосифови колена. 24 Најпосле Јосиф им рече на браќа си: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова.” 25 Тогаш Јосиф ги заколна Израелевите синови: „Бог вистина ќе се сети за вас, и тогаш изнесете ги моите коски оттука!” 26 Јосиф умре кога му беа сто и десет години; го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.
1 Ова се имињата на Израелевите синови, кои слегоа со Јакова во Египет, секој со своето семејство: 2 Рувим, Симеон, Леви и Јуда; 3 Исахар, Завулон и Венијамин; 4 Дан и Нефталим, Гад и Асир. 5 Вкупно беа седумдесет души Јаковови потомци. А Јосиф веќе беше во Египет. 6 И Јосиф умре, а изумреа и сите негови браќа и целото тоа поколение. 7 Ама Израелците беа родни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата. 8 Тогаш во Египет завладеа нов цар, кој не го познаваше Јосифа. 9 И тој му рече на својот народ: „Ете, Израелевите синови станаа броен народ и посилни од нас. 10 Ајде, да постапиме мудро со нив: да им го спречиме растежот, за да не им се придружат на нашите непријатели во случај на војна, да не удрат на нас и на крај да си отидат од земјата.” 11 И поставија врз нив надгледувачи да ги измачуваат со тешки работи. Така му изградија на фараонот градови - складишта: Питом и Рамзес. 12 Ама колку повеќе ги измачуваа, тие уште повеќе се размножуваа, напредуваа и се ширеа, така што Египетците се плашеа од Израелците. 13 И Египетците се нафрлија жестоко на Израелците. 14 Им го загорчуваа животот со тешки работи: со правење на кал и плитари, со разни полски работи и со разновидни напори, што им ги наметнуваа немилостиво. 15 Египетскиот цар им се обрна и на еврејските бабици, од кои името на едната и беше Сепфора, а на другата Фуа, па им нареди: 16 „Кога при раѓањето им помагате на Еврејките, набљудувајте: ако е детето машко, убијте го; ако е женско, нека живее.” 17 Но бабиците се боеја од Бога и не правеа како што им нареди египетскиот цар, туку ги оставаа во живот машките деца. 18 Затоа египетскиот цар ги повика бабиците и им рече: „Зошто работевте така и ги остававте во живот машките деца?” 19 На тоа бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како египетските жени. Тие се здрави. Тие веќе родиле пред да дојде бабицата кај нив.” 20 Бог го прими тоа за добро на бабиците. Народот се множеше и многу порасте. 21 А бидејќи бабиците се боеја од Бога, Тој им подари потомство. 22 Тогаш фараонот му нареди на целиот свој народ: „Фрлете го во Реката секое машко дете, што ќе им се роди на Евреите! Само женските деца оставете ги во живот.”
1 Некој си човек од Левиевото колено отиде и се ожени со девојка Левијка. 2 Жената зачна и роди син. Откако виде колку е красен, го криеше три месеци. 3 Кога не можеше веќе да го крие, набави кошница од папирусова трска, ја намачка со смола и катран, го стави детето во неа и го положи во трските на брегот на Реката. 4 Неговата сестра застана подалеку, да види што ќе биде со него. 5 Фараоновата ќерка слезе до Реката да се капи, додека нејзините слугинки шетаа по брегот на Реката. Таа ја забележа кошницата во трските, па ја испрати слугинката да ја донесе. 6 Ја отвори и погледа, а тоа во неа: дете! Машко чедо. Плачеше. Таа му се сожали. „Тоа ќе е еврејско дете”, рече. 7 Тогаш неговата сестра и рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да побарам доилка меѓу Еврејките, да ти го дои детето?” 8 „Оди!” и одговори фараоновата ќерка. Така девојката отиде и ја повика мајката на детето. 9 „Земи го детево - и рече фараоновата ќерка - и одгледај ми го, а јас ќе те платам.” 10 Кога детето порасте, таа го доведе при фараоновата ќерка, која го посини. Му го даде името Мојсеј, „зашто го извадив - рече - од вода.” 11 Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат. 12 Се заврте ваму-таму и откако виде дека нема никој, го уби Египетецот и го закопа во песокот. 13 Тој излезе и другиот ден и најде двајца Евреи како се тепаат. „Зошто го тепаш својот другар?” - му рече на напаѓачот. 14 Овој му одговори: „Кој те постави за наш старешина и судија? Имаш ли намера да ме убиеш и мене, како што го уби оној Египетец?” Мојсеј се исплаши и си рече во себе: „Така! Сепак се научило.” 15 Кога фараонот го чу тоа, сакаше да го погуби Мојсеја. Затоа Мојсеј избега од фараонот и се засолна во Мадијамската Земја. Таму седна покрај еден кладенец. 16 Мадијамскиот свештеник имаше седум ќерки. Тие дојдоа да нацрпат вода и да ги налеат поилата, за да го напојат стадото на својот татко. 17 Но дојдоа и пастирите и ги истераа. Мојсеј стана, ги одбрани и им го напои стадото. 18 Кога се вратија при својот татко Рагуил, тој ги праша: „Како се вративте денес толку брзо?” 19 Тие одговорија: „Еден Египетец нè одбрани од пастирите, и уште ни нацрпи вода и ни го напои стадото.” 20 „Каде е? - ги праша тој своите ќерки. - Зошто го оставивте човекот? Повикајте го на ручек.” 21 Мојсеј се согласи да остане при човекот. Тој го ожени Мојсеја со својата ќерка Сепфора. 22 А кога таа роди син, тој му го даде името Гирсам, „зашто сум - рече - странец во туѓа земја.” 23 По долго време почина египетскиот цар. Израелците уште стенкаа во ропство. Викаа, и нивниот повик за помош, среде ропството, се издигна до Бога. 24 Бог го чу нивното викање за помош и се сети за Својот Завет со Авраама, Исака и Јакова. 25 И Бог погледна на Израелците, и се зазеде за нив.
1 Мојсеј ги пасеше овците на деда си Јотор, мадијамски свештеник. Гонејќи го така стадото по пустината, дојде до Божјата Гора, Хорив. 2 Господов ангел му се покажа во распламнат оган од една капина. Тој се загледа: целата капина во пламен, а сепак не изгорува. 3 „Ајде да се доближам - рече Мојсеј - и да ја набљудувам оваа чудна глетка: зошто капината не изгорува.” 4 Кога Господ виде дека приоѓа да разгледа, Бог го повика од капината: „Мојсеј! Мојсеј!” „Еве ме,” се јави. 5 „Не приближувај се наваму! - рече. - Собуј ги обувките од нозете! Зашто местото на кое стоиш е света земја. 6 Јас Сум - продолжи - Бог на твојот татко; Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.” Мојсеј го засолна лицето: се плашеше да гледа во Бога. 7 „Ги видов страдањата на својот народ во Египет - продолжи Господ - и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки. 8 Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко: во родниот крај на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. 9 Повиците на Израелевите синови стигнаа до мене. И Самиот видов како Египетците ги угнетуваат. 10 Затоа, ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет.” 11 „Кој сум јас да се запатам при фараонот - Му одговори Мојсеј на Бога - и да ги изведам Израелците од Египет!” 12 „Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.” 13 Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?” 14 „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,” му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’” 15 Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’ 16 Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет. 17 Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!”‘ 18 Тие ќе те послушаат. Тогаш тргни со старешините на Израелците кон египетскиот цар и речи му: ‘Ни се јави Господ, Бог на Евреите. Пушти нè да одиме три дни одење во пустината, да Му принесеме таму жртва на Господ, на својот Бог.’ 19 Јас знам дека египетскиот цар нема да ве пушти, ако не биде натеран од силна рака. 20 Затоа Јас ќе ја испружам Својата Рака и ќе го притиснам Египет со секакви чудеса, што ќе ги направам во него. После ќе ве пушти. 21 Египетците се расположени добро кон овој народ, па кога ќе тргнете, нема да тргнете со празни раце. 22 Нека секоја жена побара од својата сосетка и состанарка во својата куќа сребрен и златен накит, и облеки. Ставете го тоа на своите синови и ќерки. Така ќе ги ограбите Египетците.”
1 Мојсеј одговори: „Ама ако не ми поверуваат и не ме послушаат, туку ми речат: ‘Господ не ти се јави?’” 2 „Што ти е тоа во раката?” Го праша Господ. „Стап”, одговори. 3 „Фрли го на земја!” му нареди Господ. Тој го фрли на земја, и стапот се претвори во змија. И Мојсеј избега пред неа. 4 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката и фати ја за опашка.” Тој посегна со раката и ја фати за опашка, а таа пак стана стап во неговата рака. 5 „Така треба да веруваат дека ти се јави Господ, Бог на нивните татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.” 6 Уште Господ му рече: „Вовлечи ја раката во пазувата.” Тој ја вовлече раката во пазувата. Кога ја извлече, ете - раката му беше лепрозна, бела како снег. 7 „Стави ја пак раката во пазува!” му нареди Господ. Тој пак: раката во пазува. Кога ја извлече од пазува, ете - пак беше како и другиот дел на телото. 8 „Ако не ти поверуваат и не ја прифатат пораката на првиот знак, ќе и поверуваат на пораката на вториот знак. 9 А ако овие два знака не ги уверат, па не ти поверуваат, нацрпи вода од Реката и истури ја на суво. Водата што ќе ја земеш од Реката, на суво ќе се претвори во крв.” 10 „Прости, Господи! - продолжи Мојсеј на Господа. - Јас никогаш не сум бил красноречив човек; ни порано, ниту сега кога му зборуваш на Својот слуга. Јас сум бавен во зборувањето, а на јазикот тежок.” 11 „Кој му ја даде устата на човекот? - му рече Господ. - Кој го прави нем и глув; кој му го дава видот или го ослепува? Зар тоа не Сум Јас, Господ! 12 И така, оди! Јас ќе бидам со тебе кога ќе зборуваш, и ќе ти кажам што да зборуваш.” 13 „Прости, Господи - пак рече Мојсеј - не би ли испратил некој друг!” 14 Се налути Господ на Мојсеја и рече: „Зар Арон, Левиецот, не е твој брат? Знам дека е тој многу красноречив. Еве, токму ти излегува во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето. 15 Ти зборувај му нему и ставај ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам и со тебе и со него додека зборувате; ќе ви кажувам на двајцата што ќе работите. 16 Нека му зборува тој на народот место тебе. Така, тој ќе ти биде место уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. 17 Земи го стапов во раката. Со него извршувај ги знаците.” 18 Потоа Мојсеј се врати при деда си Јотора и му рече: „Пушти ме да се вратам при браќата во Египет, да видам дали се уште живи. „Тргни со мир!” му рече Јотор на Мојсеја. 19 И Господ му рече на Мојсеја во Мадијам: „Врати се во Египет зашто изумреа сите луѓе, кои го бараа твојот живот.” 20 Така Мојсеј ги качи на ослето својата жена и синовите и замина за Египетската Земја. А во раката Мојсеј го зеде Божјиот стап. 21 Господ му рече пак на Мојсеја: „Кога ќе се вратиш во Египет, погрижи се да ги извршиш, пред фараонот, сите чудеса за кои ти дадов сила, иако Јас ќе го направам кораво неговото срце, така што нема да го пушти народот да си отиде. 22 Тогаш речи му на фараонот: ‘Вака вели Господ: „Израел е Мој првороденец. 23 Барам од тебе да ми го пуштиш синот, за да ми искаже почитување. Ако откажеш да го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороденец.”‘„ 24 Кога патем Мојсеј застана да преноќева, Господ се нафрли на него да го убие. 25 Но Сепфора зеде остро каменче, го обреза својот син и со кожичката ги допре Мојсеевите нозе: „Навистина ти си ми крвав маж,” рече. 26 И Господ го пушти. Заради обрезувањето таа го рече тоа: „крвав маж.” 27 Тогаш Господ му рече на Арона: „Запати се кон пустината, во пресрет на Мојсеј!” Тој отиде и се сретна со него на Божјата Гора. Го пољуби. 28 Мојсеј му раскажа на Арона сè што му довери Господ и сите знаци што му нареди да ги изврши. 29 Сега Мојсеј и Арон отидоа и ги собраа сите старешини на Израелците. 30 Арон им изложи сè што Господ му зборувал на Мојсеја, а Мојсеј ги направи знаците пред очите на народот. 31 Народот беше уверен, и откако чуја дека Господ ги посети Израелците и погледа на нивните јадови, паднаа ничкум и се поклонија.
1 Потоа Мојсеј и Арон отидоа и му рекоа на фараонот: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Пушти го Мојот народ да отиде и да прослави свеченост во Моја чест.’” 2 „Кој е Тој Господ за да Го послушам јас - одговори фараонот - и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ, ниту ќе ги пуштам Израелците.” 3 „Бог на Евреите ни се јави - рекоа. Затоа пушти нè да одиме три дни одење во пустината и да Му принесеме жртва на Господа, својот Бог, за да не нè нападне со помор или со меч.” 4 Тогаш египетскиот цар им одговори: „Мојсеј и Арон, зошто го одвлечкувате народот од неговата должност? Одете на својата работа. 5 Сега кога луѓето се умножија толку - продолжи фараонот - вие сакате да ги остават работите?” 6 Во истиот ден фараонот им заповеда на надгледувачите и бележниците: 7 „Не набавувајте му на овој народ плева како досега. Нека одат сами и си ја собираат. 8 А барајте од нив исто количество плитари, што го правеа и досега. Не намалувајте го! Мрзливци се. Затоа викаат: ‘Ајде да Му принесеме жртва на својот Бог.’ 9 Наложете им работи на тој народ: нека работат, за да не обрнуваат внимание на клеветите!” 10 Така, дојдоа надгледувачите на народот и неговите бележници и му јавија на народот: „Фараонот порачува вака: ‘Нема повеќе да ви набавувам плева. 11 Вие самите треба да одите и да ја барате, каде што ќе можете да ја најдете. Но затоа нема да ја намалам вашата работа.’” 12 Затоа народот се разотиде по целата египетска земја да собира слама место плева. 13 А надгледувачите ги гонеа: „Секој ден треба да ја свршите истата работа како и тогаш додека ја добивавте плевата.” 14 А бележниците, кои фараоновите надгледувачи ги поставија над Израелците, ги тепаа и прекоруваа: „Зошто ни вчера ниту денес не направивте плитари колку и порано?” 15 Тогаш бележниците на Израелците отидоа и му се пожалија на фараонот: „Зошто постапуваш вака со своите слуги? 16 Твоите слуги веќе не добиваат плева, а сепак од нас се бара: ‘Направете плитари!’ А и ги бијат твоите слуги, а виновен е твојот народ!” 17 „Вие сте мрзливци! Мрзливци! - одговори фараонот. Затоа и велите: ‘Ајде да Му принесеме жртва на Господа!’ 18 Одете на работа! Плева нема да ви се дава, ама треба да го правите одреденото количество плитари.” 19 Бележниците на Израелците се најдоа во мака заради заповедта: „Не смеете да го намалите секојдневното количество на плитарите!” 20 Откако си отидоа од кај фараонот, ги најдоа Мојсеја и Арона, кои ги чекаа. 21 „Господ нека ве има на око и нека ви суди! - им дофрлија. Нè замразивте кај фараонот и кај неговите дворјани; им дадовте меч во раката за да нè погубат.” 22 Мојсеј се врати при Господа и рече: „Зошто, Господи, му нанесуваш штета на Својот народ? Зошто ме испрати? 23 Откога јас стапив пред фараонот и му проговорив во Твое име, тој постапува уште полошо со овој народ. А Ти не преземаш ништо да го избавиш Својот народ.”
1 Господ му рече на Мојсеја: „Скоро ќе видиш како ќе постапам Јас со фараонот! Под силна рака ќе ги пушти да заминат; под силна рака сам ќе ги истера од својата земја.” 2 Уште Бог му рече на Мојсеја: „Јас Сум Господ. 3 Им се јавував на Авраама, Исака и Јакова како Ел Шадај. Но не им се открив со Своето име - Господ. 4 И склучив завет со нив дека ќе им ја дадам Ханаанската Земја, земјата во која живееја како придојденци. 5 А сега, откако ги чув воздишките на Израелците, кои Египетците ги држат во ропство, си спомнав на Својот Завет. 6 И така, кажи им на Израелците дека Јас Сум Господ; дека ќе ве избавам од теретот што ви го наметнаа Египетците. Ќе ве ослободам од ропството во кое ве држат; ќе ве избавам удирајќи силно и казнувајќи строго. 7 Ќе ве земам за Свој народ, и ќе бидам ваш Бог. Тогаш ќе знаете дека Јас, Господ, вашиот Бог, ве избави од египетското угнетување. 8 Ќе ве доведам во земјата за која се заколнав дека ќе им ја дадам на Авраама, Исака и Јакова, и ќе ви ја дадам во наследство, Јас, Господ.” 9 Мојсеј им го кажуваше тоа на Израелците, ама не сакаа да го слушаат: духовите им беа заматени од тешкото ропство. 10 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 11 „Оди и речи му на фараонот, египетскиот цар, да ги пушти Израелците од својата земја.” 12 Мојсеј Му прозбори на Господа: „Кога Израелците не ме слушаа, како ќе ме сослуша, бавен во говорот, фараонот!” 13 Ама Господ им говореше на Мојсеја и Арона и ги праќаше сега при Израелците, а сега при фараонот, египетскиот цар, да ги пушти Израелците од Египет. 14 Ова се главите на нивните домови. Синови на Израелевиот првороденец Рувим: Енох и Фалуј, Асрон и Хармиј. Тоа се семејствата произлезени од Рувима. 15 А Симеоновите синови: Јемуило, Јамин, Аод, Ахин, Сар и Саул, син на Хананка. Тоа се семејствата што потекнуваат од Симеона. 16 Ова се имињата на Левиевите синови со нивното потомство: Гирсон, Каат и Мерариј. Леви живееше сто триесет и седум години. 17 Гирсонови синови се: Ливниј и Семеј со своите семејства. 18 Каатови синови се: Амрам, Исар, Хеврон и Озило. Каат живееше сто триесет и три години. 19 Мерариеви синови се: Малиј и Мусиј. Тоа се Левиевите семејства со нивните потомци. 20 Амрам се ожени со својата тетка Јохаведа, која му ги роди Арона и Мојсеја. Амрам живееше сто триесет и седум години. 21 Исарови синови беа: Кореј, Нафег и Зехриј. 22 А Озилови синови се: Мисаило, Елисафан и Сигриј. 23 Арон се ожени со Елисавета, ќерката Аминадавова, сестрата Насонова, која му ги роди: Надав, Авијуд, Елеазар и Итамара. 24 Корееви синови беа: Асир, Елкан и Авијасаф. Тоа се Кореевите потомци. 25 Ароновиот син Елеазар се ожени со една од Футиловите ќерки, која му го роди Финеса. Тоа се главатарите на Левиевите домови според нивните семејства. 26 Тоа се оној Мојсеј и Арон, на кои Господ им заповеда да ги изведат Израелците од Египет во нивните чети. 27 Тоа се оние истите, Мојсеј и Арон, кои му зборуваа на фараонот, на египетскиот цар, да ги пушти Израелците од Египет. 28 Во денот кога Господ зборуваше со Мојсеја во Египетската Земја, му рече: 29 „Јас Сум Господ. Извести го фараонот, египетскиот цар, за сè што ти реков.” 30 Мојсеј се правдаше пред Господа: „Јас сум бавен во говорот. Како ќе ме послуша фараонот!”
1 Господ му одговори на Мојсеја: „Гледај! Ќе те наметнам како Бог на фараонот; твојот брат Арон ќе биде твој пророк. 2 Ти кажувај сè што ќе ти наредам, а твојот брат Арон нека му повтори на фараонот да ги пушти Израелците па да заминат од неговата земја. 3 Јас ќе направам да закорави срцето на фараонот, и ќе ги умножам знаците и чудесата во Египетската Земја. 4 Бидејќи фараонот не ќе послуша, Јас ќе ја ставам Својата рака на Египет: казнувајќи страшно, ќе ги избавам Своите чети, Својот народ, Израелците, од Египетската Земја. 5 Кога ќе ја протегнам Својата рака на Египет и ги изведам Израелците од нивната средина, тогаш Египетците ќе сознаат дека Јас Сум Господ.” 6 Мојсеј и Арон послушаа: токму така направија, како што им заповеда Господ. 7 Мојсеј беше на осумдесет, а Арон на осумдесет и три години, кога му ги поставија на фараонот своите барања. 8 Уште Господ им прирече на Мојсеја и Арона: 9 „Кога фараонот побара од вас да направите некакво чудо, ти речи му на Арона да го земе својот стап и да го фрли пред фараонот, и стапот ќе се претвори во змија.” 10 Мојсеј и Арон дојдоа пред фараонот и направија како што им заповеда Господ. Арон го фрли, пред фараонот и пред неговите службеници, својот стап, и се претвори во змија. 11 Фараонот ги повика мудреците и вражалците. И навистина египетските вражалци со своето вражање направија исто: 12 секој го фрли својот стап, и се претвори во змија. Но Ароновиот стап ги голтна нивните стапови. 13 Фараонот беше со закоравено срце: не сакаше да ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече. 14 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Фараоновото срце е закоравено; одбива да го пушти народот. 15 Наутро тргни кон фараонот. Кога ќе излезе при водата, застани пред него на брегот на Реката. Земи го во раката стапот, што беше претворен во змија. 16 Кажи му: ‘Господ, Бог на Евреите, ме испрати при тебе со порака да го пуштиш Мојот народ, за да ми искаже почитување во пустината. Ама сè досега ти не послуша.’ 17 Господ порачува вака: ‘Со ова ќе сознаеш дека Јас Сум Господ.’ Гледај! Со стапот што го имам во раката ќе ја удрам водата во Реката, и ќе се претвори во крв. 18 Рибите ќе пцовисаат во Реката; Реката ќе засмрди и ќе се гнасат Египетците да пијат вода од Реката.’” 19 Уште Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона да го земе својот стап и да ја протегне својата рака врз египетските води: врз нивните реки, нивните потоци, нивните езерца, врз сите нивни водени собиралишта, да се претворат во крв; нека е крв низ сета Египетска Земја; па и во дрвените и камените садови.” 20 Мојсеј и Арон направија како што им заповеда Господ. Арон го крена својот стап и пред очите на фараонот и неговите службеници удри по водата во Реката. Сета вода во реката се претвори во крв. 21 Рибите пцовисаа во Реката; Реката засмрди, така што Египетците не можеа да пијат вода од Реката; крв имаше низ целата Египетска Земја. 22 Но египетските волшебници со своите волшебствувања направија исто. Така фараонот остана со закоравено срце: не сакаше да ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и кажа. 23 Фараонот се заврте и си отиде во својот дворец, не земајќи го ни тоа на срце. 24 Сите Египетци почнаа да копаат околу Реката барајќи пивка вода, зашто не можеа да пијат вода од Реката. 25 И поминаа седум дни откако Господ удри по Реката.
1 Господ му рече пак на Мојсеја: „Оди кај фараонот и речи му: ‘Вака говори Господ: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување. 2 Ако одбиеш да ги пуштиш, ќе ти ја казнам целата земја со жаби. 3 Реката ќе врие со жаби. Тие ќе излезат и ќе навлезат во твојот дворец, во ложницата, во твојата постела, во куќите на твоите службеници и на твојот народ, под твоите вршници и ноќви. 4 Жабите ќе скокаат на тебе, на твојот народ и на сите твои службеници.”‘„ 5 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона нека ја испружи својата рака со стапот врз реките, потоците и езерцата, и направи жабите да се нафрлат на Египетската Земја.” 6 Арон ја протегна својата рака врз египетските води, и жабите излегоа и ја покрија Египетската Земја. 7 Но и бајачите направија така со своето баење, па жабите се нафрлија врз Египетската Земја. 8 Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона и рече: „Молете Го Господа да ги отстрани жабите од мене и од мојот народ, а јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господа.” 9 Мојсеј му одговори на фараонот: „Чест нека ти е да ми одредиш кога сакаш да се молам за тебе, за твоите службеници и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од твоите домови и да останат во Реката.” 10 „Утре,” рече. „Нека биде како што велиш - одговори Мојсеј - да знаеш дека никој не е како Господ, нашиот Бог. 11 Жабите ќе си отидат од тебе, од твоите службеници и од твојот народ; ќе останат само во Реката.” 12 Мојсеј и Арон отидоа од фараонот, а тогаш Мојсеј Го повика Господа заради жабите со кои го казни фараонот. 13 И Господ го послуша Мојсеја, па жабите пцовисаа по куќите, дворовите и нивите. 14 Ги собираа на купови, земјата засмрде од нив. 15 Кога фараонот виде дека настапи олеснување, срцето му закораве па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече. 16 Тогаш пак Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона да замавне со својот стап и да удри по правот на почвата, за да се претвори во комарци по целата Египетска Земја.” 17 И направија така: Арон замавна со раката и стапот, и удри по правот на почвата. Комарците се нафрлија врз луѓето и животните. Целиот прав на почвата се претвори во комарци по сета Египетска Земја. 18 Вражалците се обидоа да создадат комарци со своето вражање, но не можеа. Луѓето и животните им станаа плен на комарците. 19 Тогаш бајачите му рекоа на фараонот: „Тоа е Божји прст!” Ама фараоновото срце беше закоравено, па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ рече. 20 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Порани наутро, излези пред фараонот кога ќе тргне кон водата, и речи му: ‘Господ порачува вака: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување. 21 Ако не го пуштиш Мојот народ, ќе пуштам стршели на тебе, на твоите службеници, на твојот народ и на твоите домови. Египетските домови и самата почва ќе се исполнат со стршели. 22 Но во тој ден ќе го одделам Гесенскиот Крај, во кој живее Мојот народ, па таму нема да се појават стршели, така да знаеш дека Јас Сум Господ во средиштето на земјата. 23 Ќе ја направам таа разлика меѓу Својот и твојот народ. утре ќе биде тој знак.”‘„ 24 И направи Господ така. Роеви стршели долетаа во фараоновиот дворец, во домовите на неговите службеници и по целата Египетска Земја. Земјата настрада од стршели. 25 Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона па им рече: „Отидете, принесете Му жртва на својот Бог, но во оваа земја.” 26 „Не е прилично да направиме така - одговори Мојсеј. Жртвите што ние Му ги принесуваме на Господа, се нечисти за Египетците. И така, кога би принесувале, пред нивни очи, жртви што се за Египетците нечисти, зар не ќе нè каменуваат? 27 Затоа треба во пустината, три дни одење, па да Му принесеме жртва на Господа на својот Бог, како што ни заповеда.” 28 „Ќе ве пуштам да заминете во пустината - одговори фараонот - и да Му принесете жртва на Господа, својот Бог, ама не одите предалеку. Молете се за мене!” 29 Тогаш Мојсеј одговори: „Штом ќе излезам од кај тебе, ќе Го помолам Господа да ги снема утре стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ. Но фараонот нека не нè измамува повеќе! Нека го пушти народот да замине и да Му принесе жртва на Господа.” 30 Така Мојсеј излезе од кај фараонот и Му се помоли на Господа. 31 И Господ направи како што бараше Мојсеј: ги снема стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ - не остана ниту еден. 32 Но пак го закорави фараонот своето срце и не му одобри на народот да замине.
1 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот и речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, порачува вака: „Пушти го Мојот народ да замине и да ми искаже почитување. 2 Ако не го пуштиш, туку го задржуваш и натаму, 3 Господовата рака ќе удри со страшен помор по твојот добиток што е во полето: по коњите, ослињата, камилите, по крупниот и ситниот добиток. 4 Господ ќе го разликува добитокот на Израелците од добитокот на Египетците, така што нема да настрада ништо што им припаѓа на Израелците.”‘„ 5 Господ го одреди и времето, велејќи: „Утре, Господ ќе го направи ова во земјата.” 6 Утреден Господ така и направи. Сиот добиток на Египетците изумре, а од добитокот на Израелците не изумре ниту едно грло. 7 Фараонот истражуваше и се увери дека од израелскиот добиток не изумре ниту едно грло. Ама фараоновото срце сепак се закорави, и не го пушти народот. 8 Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Земете полни грстови пепел од печката, па Мојсеј нека ја фрли, пред фараоновите очи, кон небото. 9 Од тоа ќе стане ситен прав по сета Египетска Земја, и ќе предизвика отоци и ќе создаде чирови и на луѓето и на животните, од едниот до другиот крај на Египет.” 10 Така тие зедоа пепел од печката и дојдоа пред фараонот. Тогаш Мојсеј ја расфрли пепелта кон небото, и отоците и чировите ги покрија луѓето и животните. 11 Ни волшебниците не можеа да се појават пред Мојсеја, зашто и вражалците, како и сите други Египетци, беа покриени со чирови. 12 Ама Господ го закорави срцето на фараонот, па тој не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и му рече на Мојсеја. 13 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Порани наутро, излези пред фараонот и речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, порачува вака: „Пушти го народот да замине и да ми искаже почитување. 14 Ако не го пуштиш, сите свои зла ќе ги навалам овој пат врз тебе, врз твоите службеници и врз твојот народ, така да сознаеш дека нема никој, на целата земја, каков што Сум Јас. 15 Да ја спуштев Својата рака и да ве удрев со помор, тебе и твојот народ, ќе ве снемаше од земјата. 16 Те поштедив за да ја покажам Својата сила и за да се објави Моето име по целата земја. 17 Ама ти се воздигнуваш премногу над Мојот народ и му пречиш да замине. 18 Утре, во ова доба, ќе пуштам толку страшен град, каков немаше во Египет од кога е создаден до денес. 19 Затоа нареди да го дотераат под покрив твојот добиток и сè што е надвор, на отворено. Сè што ќе се најде надвор во полето, било човек било животинче, ќе загине кога градот ќе запаѓа врз нив, ако не бидат воведени внатре.”‘„ 20 Фараоновите службеници, кои се уплашија од Господовиот говор, ги дотераа внатре своите слуги и својот добиток. 21 Тие што не се грижеа за Господовата закана ги оставија надвор и своите слуги и добитокот. 22 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката кон небото да удри град по целата Египетска Земја: врз луѓето, животните и врз сите растенија во Египетската Земја.” 23 Мојсеј го крена стапот кон небото. Господ загрми и пушти град, и молњите ги здружи со земјата. Господ туруваше град по земјата на Египетците; 24 Градот биеше, низ него секавици параа. Таква стравотија не се нафрли врз Египетската Земја, откако имаше луѓе во неа. 25 Градот изби, низ сиот Египет, сè што остана надвор, луѓе и животни; ги уништи сите растенија по полето и ги искрши сите полски дрва. 26 Немаше град само во Гесенскиот Крај, каде што живееја Израелците. 27 Фараонот испрати по Мојсеја и Арона и им рече: „Признавам дека сум виновен овој пат. Господ има право, а јас и мојот народ сме виновни. 28 Молете Го Господа да ги запре громовите и градот, а јас ќе ве пуштам да отидете. Не ќе останете веќе долго.” 29 „Кога ќе излезам од градот - му рече Мојсеј - ќе ја кренам раката кон Господа, па ќе прекратат громовите, а ни град не ќе има веќе, така да знаеш дека земјата Му припаѓа на Господа. 30 Но ни ти ни твоите дворјани, јас знам, уште не се боите од Господа Бога.” 31 И така пропаднаа ленот и јачменот: зашто јачменот беше во клас, а ленот во цвет. 32 Пченицата и ’ржта не настрадаа, зашто беа подоцнежни жита. 33 Откако си отиде од кај фараонот, Мојсеј излезе од градот и ги крена рацете кон Господа. Грмежите и градот прекратија, а ни дождот веќе не паѓаше на земјата. 34 Кога фараонот виде дека прекратија грмежите, градот и дождот, пак падна во грев: и тој и неговите службеници пак се закоравија во срцето. 35 Се закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците, како што Господ и прорече преку Мојсеја.
1 Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот. Направив да им закорави срцето нему и на неговите службеници, за да ги извршам своите знаци меѓу нив; 2 за да можеш да му раскажуваш на својот син и на својот внук што им направив на Египетците и какви знаци правев меѓу нив, за да знаете дека Јас Сум Господ.” 3 Така Мојсеј и Арон отидоа при фараонот и му рекоа: „Господ, Бог на Евреите, порачува вака: ‘До кога ќе одбиваш да се понизиш пред Мене? Пушти го Мојот народ да ми искаже почитување. 4 Зашто ако не го пуштиш Мојот народ, утре ќе доведам скакулци во твојата земја. 5 Така ќе ја покријат површината, што земјата нема да се гледа од нив. Ќе го изедат она што ви остана по градот; и ќе ви ги оголат сите дрва што растат по полето. 6 Ќе го исполнам целиот твој дворец, и куќите на твоите службеници и домовите на сите други Египетци - нешто што не видоа ни твоите татковци ни татковците на твоите татковци во оваа земја, од своите времиња до денес.’” Се заврти и си отиде од кај фараонот. 7 „До кога овој човек ќе ни биде стапица - му рекоа на фараонот неговите службеници. Пуштете ги луѓето нека заминат и нека Му искажат почитување на Господа, својот Бог! Зар не гледаш како Египет се движи упорно во пропаст.” 8 Ги доведоа назад Мојсеја и Арона при фараонот, а тој им рече: „Одете! Искажете Му почитување на Господа, својот Бог! А кој сè ќе оди?” 9 „Сите одиме - одговори Мојсеј - и младо и старо. Заминуваме со своите синови и своите ќерки; со својот крупен и ситен добиток, зашто треба да Му одржиме свеченост на Господа.” 10 „Господ да биде со вас, исто колку и јас што ќе ве пуштам да тргнат со вас и децата! - им одговори. Се гледа дека вашата намера не е чиста. 11 Не така! Туку нека заминат мажите и нека Му искажат почитување на Господа. Тоа и баравте.” И ги истераа од кај фараонот. 12 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Протегни ја својата рака врз Египетската Земја за да надојдат скакулци во Египетската Земја и да ги изедат сите растенија, што останаа по градот!” 13 Така Мојсеј го крена стапот врз Египетската Земја, а Господ го наврати источниот ветер на земјата: дуваше тој цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветерот ги донесе скакулците. 14 Тие се разлетаа во сите краишта на Египет во голема густина: толкаво мноштво никогаш не ги било пред тоа, ниту пак некогаш ќе ги биде. 15 Ја покрија целата земја, така што се зацрнеа од нив. Ги изедоа растенијата во полето и сите плодни дрва што останаа по градот. Повеќе ништо не се зеленееше: ни дрвата, ниту полската трева во целиот Египет. 16 Фараонот ги повика брзо Мојсеја и Арона па им рече: „Згрешив против Господа, вашиот Бог, и против вас! 17 Простете ми ја навредата уште само овој пат и молете Го Господа, својот Бог, само да го отстрани од мене овој смртоносен бич!” 18 Кога Мојсеј си отиде од кај фараонот, го повикаа Господа, 19 и Господ го смени ветерот во силен западник, што ги потфати скакулците и ги однесе кон Црвеното Море. Ниту еден единствен скакулец не остана, ниту во кој и да е крај на Египет. 20 Ама Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците. 21 „Испружи ја раката кон небото - Господ му рече на Мојсеја - па нека се спушти темнина над Египетската Земја, темнина што ќе може да се опипа.” 22 Мојсеј ја протегна раката кон небото, и се спушти густа темнина на сета Египетска Земја: траеше три дни. 23 Три дни луѓето не можеа да се видат еден-друг, и никој не се помрдна од своето место. А во местата каде што живееја Израелците блескаше светлина. 24 Тогаш фараонот го повика Мојсеја и му рече: „Оди и искажи Му почитување на Господа! Ама вашиот добиток, крупниот и ситниот, нека остане тука. Вашите деца нека дојдат со вас!” 25 „Ти треба самиот да нè снабдиш со придонеси и со жртви паленици, што ќе Му ги принесеме на Господа, својот Бог - одговори Мојсеј. 26 Затоа ќе ги спотераме со нас и своите стада. Ни дел од копитце не ќе остане тука. Од нив треба да избереме за жртвување на Господа, нашиот Бог, а не знаеме, додека не стигнеме таму, што треба да Му принесеме на Господа.” 27 Господ го закорави срцето на фараонот и тој не се согласи да заминат. 28 „Оди си! - му викна фараонот на Мојсеја. И да не ми излегуваш повеќе пред очите! Оној ден кога ќе ми се јавиш пак пред очите, ќе загинеш!” 29 „Добро рече! - му одговори Мојсеј. Не ќе го видам веќе твоето лице!”
1 „Со уште една несреќа ќе ги удрам фараонот и Египет - му рече Господ на Мојсеја. Потоа ќе ве пушти оттука. И повеќе: самиот ќе ве истера оттука. 2 Кажи му на народот нека секој човек побара од својот сосед и секоја жена од својата сосетка сребрени и златни скапоцености.” 3 Господ направи па Египетците му беа наклонети на народот. Самиот Мојсеј стана почитуван во Египетската Земја, во очите на фараоновите службеници и во очите на народот. 4 А тогаш Мојсеј навести: „Господ порачува вака: ‘Ќе поминам низ Египет на полноќ. 5 Секој првороденец во Египетската Земја ќе умре, од фараоновиот првороденец, кој би требало да седи на неговиот престол, до првороденецот на робинката, која се наоѓа покрај мелничкиот камен; а ќе загинат и сите првородени на добитокот. 6 Во целата Египетска Земја ќе настане голем писок, каков не бил ниту ќе биде после. 7 Меѓу Израелците ни пес не ќе залае ни живо суштество: ни на човек ни на животно. По тоа ќе знаете дека Господ ги дели Израелците од Египетците.’ 8 Тогаш сите овие твои дворјани ќе дојдат кај мене, ќе се фрлат пред мене и ќе викаат: излезете и ти и сиот народ, кој оди по тебе! Потоа ќе заминам.” И гневен си замина од кај фараонот. 9 „Фараонот не ќе ве послуша - му рече Господ на Мојсеја - за да се умножат Моите знаци во Египетската Земја.” 10 Мојсеј и Арон ги извршија сите тие чудеса пред фараонот, ама Господ го закорави срцето на фараонот, така што тој не ги пушташе Израелците да заминат од неговата земја.
1 Господ им рече на Мојсеја и Арона во Египетската Земја: 2 „Овој месец нека ви биде почеток на месеците; нека ви биде прв месец во годината. 3 Објавете и го ова на целата израелска заедница: ‘На десеттиот ден на овој месец секое семејство нека си набави едно живинче. Така, едно на семејство. 4 Но ако семејството е премало за да го потроши, тоа нека му се приклучи на својот сосед, на најблиската куќа, според бројот на личностите. Поделете го живинчето според тоа која личност колку може да изеде. 5 Живинчето нека биде без недостаток, годиначе и машко. Можете да изберете или јагне или јаре. 6 Чувајте го до четиринаесеттиот ден на овој месец. А тогаш нека целата израелска заедница го заколе кога ќе се спушти примракот. 7 Нека ја земат крвта и ги попрскаат двата довратници и надвратникот на куќата, во која ќе јадат. 8 Месото, печено на оган нека биде изедено во истата ноќ, со бесквасен леб и горчливо зелје. 9 Да не јадете ништо сурово од него ниту сварено во вода, туку испечено на оган: со главата, со нозете и со внатрешноста. 10 Не смеете ништо да оставите од него за утреден; што и да остане до утрото, треба да го изгорите на оган. 11 А јадете го вака: со препашана половина, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина: тоа е Господова Пасха. 12 Имено во таа ноќ Јас ќе тргнам низ Египетската Земја и ќе ги погубам сите првороденци во Египетската Земја, и на човекот и на животното. Јас, Господ, ќе ги казнам и сите египетски божества. 13 Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’ 14 ‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено. 15 Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците. 16 На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому. 17 Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба. 18 Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сè до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб. 19 Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец. 20 Ништо потквасено не смеете да јадете: во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.’” 21 Потоа Мојсеј ги повика сите старешини на Израелците и им рече: „Одете и набавете си јагне за своите семејства и жртвувајте Пасха. 22 Тогаш земете китка босилек, натопете ја во крвта што е во земјан сад и попрскајте ги со крвта, од земјаниот сад, надвратникот и двата довратници. Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото. 23 Кога Господ ќе поминува да ги погуби Египетците, ќе ја забележи крвта врз надвратникот и врз двата довратници, па ќе ја одмине таа врата и нема да му дозволи на Погубителот да влезе во вашите куќи и да поразува. 24 Оваа одредба ќе ја пазите во сите времиња како закон за себе и за своите деца. 25 И кога ќе дојдете во земјата, што Господ ќе ви ја даде како што вети, вршете ја оваа служба. 26 Кога вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значи таа служба?’ 27 одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој поминуваше покрај куќите на Израелците, кога ги усмртуваше Египетците, а ги поштедуваше нашите куќи.’” Тогаш народот се поклони длабоко и искажа почитување. 28 Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија. 29 На полноќ Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: од фараоновиот првороденец, кој требаше да седи на престолот, до првороденецот на пленикот во темницата, а така и сите првородени на добитокот. 30 Во ноќта стана фараонот, тој и сите негови дворјани и сите Египетци, зашто страшен лелек се разнесе низ Египет: немаше куќа во која не лежеше мртовец. 31 Фараонот ги повика во ноќта, Мојсеја и Арона па им рече: „Станете и заминете од мојот народ и вие и вашите Израелци! Одете си! Искажете му почитување на Господа, како што баравте. 32 Заберете го својот ситен и крупен добиток, како што баравте: одете, па благословете ме и мене!” 33 Египетците го принудуваа народот да замине побргу од земјата, „зашто загинавме сите,” зборуваа тие. 34 Така народот го зеде со себе уште нескиснатото тесто; ноќвите, завиткани во наметки, ги понесоа врз рамена. 35 И Израелците направија како што им рече Мојсеј, побараа од Египетците сребрени и златни скапоцености, и облеки. 36 Господ направи Египетците да му бидат благонаклонети на народот, па даваа. Така ги ограбија Египетците. 37 Така Израелците тргнаа од Рамзес кон Сокхот. Беа околу шест стотини илјади пешаци, освен жените и децата. 38 А многу и друг свет тргна со нив, и многу добиток, крупен и ситен. 39 Испекоа пресни погачи од тестото што го зедоа со себе од Египет: не беше уште стасано. А бидејќи беа терани од Египет, не можеа да одложуваат, и така не си приготвија за себе попатна храна. 40 Времето што Израелците го поминаа во Египет беше четири стотини и триесет години. 41 И кога се наполнија четири стотини и триесет години - точно во тој ден - сите Господови чети излегоа од Египетската Земја. 42 Онаа ноќ што Господ ја бдееше за да ги избави нив од Египет, оттогаш за сите Израелци, во сите нивни поколенија, е ноќ на бдеење во чест на Господа. 43 Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Нека е ова правило за пасхалната жртва: Ниеден странец не смее да јаде од неа! 44 Секој роб, купен за пари и обрезан, може да ја јаде! 45 Никој придојденец или наемник да не јаде од неа! 46 Јадете ја во една иста куќа; не смеете да изнесувате месо од куќата, ниту смеете да и скршите коска на жртвата. 47 Целата заедница на Израелците да ја пази! 48 Ако странец, кој престојува меѓу вас, сака да ја празнува Пасхата во чест на Господа, сите негови машки треба да се обрежат. Тогаш му е дозволено да ја слави, зашто е тогаш како и домородецот на земјата. Но необрезаните не смеат да јадат од неа. 49 Нека важи исто правило и за домородецот и за придојденикот, кој престојува меѓу вас.” 50 Сите Израелци послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона, така и направија. 51 Во тој ист ден Господ ги избави Израелците, во нивните чети, од Египетската Земја.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Посветете ми го Мене секој првороденец! Мене ми припаѓаат првенците на мајчината утроба кај Израелците и од луѓето и од животните!” 3 А тогаш Мојсеј му рече на народот: „Помнете го овој ден, во кој сте избавени од Египет, од куќата на ропството, зашто Господ ве избави оттаму со својата силна рака. Стасан леб нека не се јаде! 4 На овој ден во месецот Авив е вашето избавување. 5 Затоа: кога Господ ќе те воведе во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Евејците и Евусејците, за која се заколна на твоите предци дека ќе ти ја даде - земја каде течат мед и млеко - во овој месец изврши ваков обред: 6 шест дена јади бесквасен леб, а на седмиот ден нека се прославува празник во чест на Господа. 7 Седум дена нека се јаде бесквасен леб; леб со квас нека нема кај тебе; и нека никаде не се види квас во твоето подрачје. 8 На тој ден објасни му на твојот син: ‘Ова е поради тоа што Господ ми стори кога се спасив од Египет.’ 9 Нека ти биде како знак на твојата рака и како опомена на твоето чело: за да биде Господовиот закон во твојата уста. Зашто Господ те избави од Египет со силна рака. 10 Вршете го овој пропис секоја година во одредено време.” 11 „А кога Господ те доведе во земјата на Ханаанците - како што ви се заколна, тебе и на твоите татковци - и кога ќе ти ја предаде, 12 отстапувајте Му ги на Господа првороденците на мајчината утроба, а така и сите првородени што ги дава твојот добиток - секое машко Му припаѓа на Господа! 13 Секое првородено на ослињата откупи го со јагне или јаре. Ако не го откупиш, свиткај му го вратот. А секој првороденец меѓу своите деца откупи го. 14 Кога твојот син ќе те праша утре: ‘Што значи тоа?’ - одговори му: ‘Господ нè изведе со силна рака од Египет, од куќата на ропството. 15 Бидејќи фараонот стана закоравен па не сакаше да нè пушти, Господ ги погуби сите првороденци во Египетската Земја: првороденците на луѓето и првороденците на добитокот. Ете затоа на Господа му ја жртвувам секоја првина на мајчината утроба, а го откупувам секој првороденец од своите синови.’ 16 Нека ти биде тоа како белег на твојата рака и како знак среде челото дека Господ нè избави со силна рака од Египет.” 17 Кога фараонот дозволи да замине народот, Бог не ги поведе кон Филистејската Земја, иако оттаму беше најблизу. Имено, Бог рече: „Може народот да се премисли и да се врати во Египет кога ќе види војување.” 18 Затоа Бог го поведе народот по заобиколувачки пат, низ пустината кон Црвеното Море. Израелците ја напуштија Египетската Земја вооружени. 19 Мојсеј ги зеде со себеси Јосифовите коски. Зашто Јосиф ги заколна Израелците со зборовите: „Бог бездруго ќе се застапи за вас. Тогаш земете ги со себе оттука!” 20 Тргнувајќи од Сокхот се настанија во Етам, на крајот на пустината. 21 Господ одеше пред нив, дење во столб од облак, за да им го покажува патот, а ноќе во столб од оган, за да им свети. Така можеа да патуваат и дење и ноќе. 22 И не исчезнуваше од пред народот столбот од облак дење, ни огнениот столб ноќе.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Речи им на Израелците да се вратат и да се влогорат пред Пи-Аирот, меѓу Мигдол и морето, спроти Вел-Сефон. Настанете се спроти ова место, покрај морето. 3 Фараонот ќе рече: ‘Израелците скитаат низ крајот ваму-таму; пустината ги затвори.’ 4 Јас ќе го закоравам срцето на фараонот, и тој ќе тргне во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над фараонот и над целата негова војска. Така Египетците ќе сознаат дека Сум Јас Господ.” Израелците сторија така. 5 Кога на египетскиот цар му рекоа дека народот избега, фараонот и неговите дворјани се премислија за народот. „Зошто го сторивме ова! - рекоа - Ги пуштивме Израелците, и веќе нема да ни служат.” 6 Затоа фараонот ја опреми својата кола и ја поведе својата војска. 7 Зеде шест стотини избрани свои коли и други коли од Египет. И во сите беа штитоносци. 8 Господ го закорави срцето на фараонот, египетскиот цар, па тој тргна во потера по Израелците, кои заминаа со издигнати тупаници. 9 И така, Египетците тргнаа во потера по нив. И додека Израелците беа влогорени покрај морето, близу Пи-Аирот, спроти Вел-Сефон, ги стигнаа сите фараонови коњи впрегнати во колите, неговите коњаници и неговата војска. 10 Кога фараонот се приближи, Израелците погледнаа и забележија дека Египетците се во потера по нив, па ги опфати голем страв. И Израелците извикаа кон Господа: 11 „Зар немаше гробови во Египет - му рекоа на Мојсеја - па нè извади да изумреме во пустината? Каква услуга ни направи што нè изведе од Египет! 12 Зар не ти го рековме токму ова во Египет: ‘Пушти нè! Ќе им служиме на Египетците!’ Подобро ни е и ним да им служиме отколку да загинеме во пустината.” 13 „Не бојте се! - му рече Мојсеј на народот. Стојте цврсто и ќе видите што ќе стори Господ, за да ве спаси денес: Египетците што ги гледате денес, никогаш веќе не ќе ги видите. 14 Господ ќе се бори за вас. Бидете мирни!” 15 „Зашто викате кон Мене! - му рече Господ на Мојсеја. Речи им на Израелците да тргнат на пат. 16 А ти поткрени го стапот, испружи ја својата рака над морето и раздели го надве, за да можат Израелците да поминат низ морето по суво. 17 Јас ќе го закоравам срцето на Египетците, и тие ќе тргнат по вас, а Јас ќе се прославам тогаш над фараонот и над неговите војници, над неговите коли и коњаници. 18 Нека знаат Египетците дека Јас Сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над неговите коли и над неговите коњаници.” 19 Божјиот Ангел, кој одеше на чело на израелските чети, го смени местото и им застана зад плеќите. А и облачниот столб се помести од пред нив и им застана зад плеќите. 20 Се смести меѓу египетската војска и израелската војска и им стана на оние темен облак, а на овие им ја осветлуваше ноќта, така што не можеа да им се приближат едни на другите цела ноќ. 21 Мојсеј ја држеше раката протегната над морето, додека Господ, цела ноќ, ги валаше водите со силен источен ветер и го пресуши морето. Кога водите се раздвоија, 22 Израелците слегоа во морето на исушеното дно, а водите стоеја како прегради оддесно и одлево. 23 Египетците: сите фараонови коњи, колите и коњаниците, навлегоа по нив во морето, во потера. 24 При утринската стража, Господ погледна од огнениот и облачниот столб на египетската војска и создаде смут во неа. 25 Ги закочи тркалата на нивните коли, така што едвај се движеа напред. „Да бегаме од Израелците! - извикаа Египетците - зашто Господ се бори за нив против Египетците!” Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 26 „Протегни ја раката над морето, за да се вратат водите врз Египетците, врз нивните коли и коњаници.” 27 Мојсеј ја испружи раката над морето, и во самите мугри морето се врати во своето корито. Бидејќи Египетците, бегајќи, трчаа кон морето, Господ ги фрли главечки среде водите. 28 Така водите, слевајќи се назад, ги потопија колите, коњаниците, и целата фараонова војска, што беше тргнала во потера по Израелците во морето. И не остана ниту еден од нив. 29 А Израелците одеа по суво среде морето, водата им стоеше како ѕид оддесно и одлево. 30 Така Господ, во оној ден, го избави Израел од египетските раце, и Израел ги виде Египетците мртви на морскиот брег. 31 Израел ја виде големата сила што Господ ја покажа над Египетците. Народот се исплаши од Господа, и им поверува на Господа и на неговиот слуга Мојсеј.
1 Тогаш Мојсеј, со Израелците, ја запеа оваа песна во слава на Господа: „Ќе запеам во чест на Господа, зашто се прослави, коњот и коњаникот Тој ги фрли во морето. 2 Моја сила, моја песна е Господ, зашто стана мој Избавител. Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него, Тој е Бог на мојот татко, Него ќе го возвеличувам. 3 Господ е храбар војник, Неговото име е Господ Бог. 4 Ја фрли во морето фараоновата кола и неговата војска; цветот на неговите штитоносци Црвеното Море го голтна. 5 Брановите ги прекрија; како камен потонаа во морските длабочини. 6 Твојата десница, Господи, се прослави со сила; Твојата десница, Господи, го распарчи непријателот. 7 Со Своето величество Ти ги оборуваш враговите; го пушташ Својот гнев и тој ги голтнува како слама. 8 Од здивот на Твоите носалки надојдоа водите, брановите се издигнаа во ѕид, длабочините се зацврстија во срцето на морето. 9 Мислеше непријателот: ‘Ќе ги голтнам, ќе ги стигнам, ќе го поделам пленот, мојата душа ќе биде со него; ќе го извлечам мечот, ќе ги уништам со својата рака.’ 10 А ти дувна со Твојот ветер, морето се затвори над нив; како олово потонаа во бездната на силната вода. 11 Кој е како Тебе, Господи, меѓу боговите, кој свети како Тебе во светлина, страшен во делата, прекрасен во чудесата? 12 Десницата ја испружи и земјата ги голтна! 13 Со Својата милост го водеше овој народ, откупен од Тебе, со Својата сила го упати кон Твоето свето живеалиште. 14 Штом го чуја тоа, народите се стресоа; маки ги нападнаа Филистејците. 15 Ужас ги скрши едомските главатари, трепет ги опфати моавските кнезови и се тресат сите што живеат во Ханаан. 16 Страв и трепет ги напаѓаа нив, силата на Твојата рака ги скамени додека, Господи, не помина Твојот народ, додека не помина Твојот народ, кого го откупи. 17 Ќе ги доведеш и ќе ги посадиш на Гората на Своето наследство, на местото што Ти, Господи, го направи Свое Живеалиште, Светилиште, о Господи, создадено со Твојата рака. 18 Господ ќе царува секогаш и довека.” 19 Кога фараоновите коњи, неговите коли и коњаници слегоа во морето, Господ ги врати на нив морските води, откако Израелците поминаа среде море по суво. 20 Тогаш Ароновата сестра, пророчицата Маријам, зеде тапанче во раката, а сите жени и се придружија со тапанчиња во рацете и играјќи, 21 Маријам им ја отпеа песната: „Запејте Му на Господа, зашто се прослави со слава! Коњот со коњаникот го фрли во морето.” 22 Мојсеј ги раздвижи Израелците од Црвеното Море, и тргнаа на пат низ пустината Сур. Патуваа низ пустината три дни, а не најдоа вода. 23 Дојдоа до Мера, ама не можеа да пијат вода кај Мера, зашто беше горчлива. Затоа и се вика Мера. 24 Народот мрмореше против Мојсеја и зборуваше: „Што ќе пиеме?” 25 А тој Го повика Господа. Господ му покажа едно дрво. Го фрли тој дрвото во водата, и водата стана слатка. Таму Господ им даде закон и право и таму ги стави во искушение. 26 Потоа рече: „Ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, вршејќи што е право во Неговите очи; ако го насочуваш своето уво кон Неговите заповеди и ги држиш Неговите закони, нема да пуштам на вас никакви болести, што ги пуштив на Египетците. Зашто Јас Сум Господ, твој исцелител.” 27 Потоа стигнаа во Елим, каде имаше дванаесет извори и седумдесет палми. Таму се влогорија, покрај водата.
1 Потоа тргнаа од Елим, и сета израелска заедница дојде во пустината Син, што е меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден на вториот месец по излезот од Египетската Земја. 2 Целата израелска заедница почна да мрмори во пустината против Мојсеја и Арона. 3 „Ох, да изумревме од Господовата рака во Египетската Земја, кога седевме покрај грнци со месо и јадевме леб до наситка! - им рекоа. Нè изведовте во оваа пустина за да го поморите со глад целово ова мноштво!” 4 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Ќе направам да ви паѓа како дожд леб од небото. Народот нека отиде и собира секој ден, колку што му треба за ден. Така ќе ги искушам и ќе видам дали ќе се придржуваат до Мојот закон или не. 5 А на шестиот ден, кога ќе го сместат собраното, ќе има двапати онолку, колку собираа за секој ден.” 6 Тогаш Мојсеј и Арон им проговорија на сите Израелци: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од Египетската Земја, 7 а наутро ќе ја видите, со свои очи, Господовата слава, зашто Господ ве чу како мрморевте против Него. Што сме ние да мрморите против нас? 8 Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете - продолжи Мојсеј - а наутро леб до наситка, зашто Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа.” 9 Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Речи и на целата израелска заедница: соберете се пред Господа, зашто го чу вашето мрморење!” 10 И додека Арон и зборуваше на целата израелска заедница, тие се свртија кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облак. 11 Тогаш Господ му се јави на Мојсеја и му рече: 12 „Го чув мрморењето на Израелците. Речи им вака: ‘Вечерва ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб. Тогаш ќе познаете дека Јас Сум Господ, ваш Бог.’” 13 И навистина! Навечер се појавија потполошки и го покрија логорот, а наутро изобилна роса наросила сè околу логорот. 14 Кога се крена навлаката од росата, по површината на пустината лежеше тенок слој, нешто како снегулки, како да се фатила слана по земјата. 15 Кога Израелците го видоа тоа, се прашуваа еден друг: „Што е тоа?” Зашто не знаеја што е. Тогаш Мојсеј им рече: „Тоа е леб, што Господ ни го набави за храна. 16 А ова е заповедта што Господ ја издаде: ‘Соберете колку што му е потребно секому за јадење - по еден гомор на личност, секој според бројот на членовите што му се во шаторот.’” 17 Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку. 18 Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење. 19 „Нека никој не остава ништо за утрото!” им рече Мојсеј. 20 Но тие не го послушаа Мојсеја; некои оставија и за утре. А тоа им црвоса и засмрде. Мојсеј се налути на нив. 21 Така собираа секое утро колку што му требаше секому за јадење. И кога сонцето ќе огрееше, маната се растопуваше. 22 Тогаш на шесттиот ден собраа двојно количество храна по два гомора на секој. Кога старешините на заедницата дојдоа да го известат Мојсеја, 23 тој им рече: „Ова е Господова заповед: утре е ден на целосна почивка, сабота посветена на Господа. Испечете што сакате да печете; сварете што сакате да варите. Сè што ќе ви биде одвишок оставете го за утре.” 24 Тие го оставија тоа за утре, како што нареди Мојсеј, и ниту засмрде, ниту пак се појавија црви. 25 „Јадете го тоа денес - им рече Мојсеј - зашто овој ден е сабота во чест на Господа; денес не ќе најдете мана во полето. 26 Собирајте ја шест дни, а на седмиот, во сабота, ќе ја нема.” 27 Имаше некои што одеа и во седмиот ден да ја соберат, ама ништо не најдоа. 28 Затоа Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе одбивате да им се покорите на Моите заповеди и на Моите закони? 29 Погледајте! Затоа што Господ ви ја даде саботата, ви дава храна на шесттиот ден за два дни. Нека секој стои каде што е; нека никој не излегува од својот шатор во седмиот ден.” 30 Така народот се одморуваше на седмиот ден. 31 Израелевиот дом ја нарече таа храна: мана. Беше како кориандрово зрно; бела, а имаше вкус на медено колаче. 32 Тогаш Мојсеј рече: „Ова е заповед што ја даде Господ: ‘Наполнете со тоа еден гомор и чувајте го за своите потомци, за да ја видат храната со која ве хранев во пустината, кога ве избавив од Египетската Земја.’” 33 И Мојсеј му нареди на Арона: „Земи еден сад; стави во него цел гомор мана, а потоа положи го пред Господа, да се пази за вашите потомци.” 34 Како што Господ му нареди на Мојсеја, Арон ја сложи пред Сведоштвото на чување. 35 Израелците се хранеа со мана четириесет години, сè додека не дојдоа во населена земја: јадеа мана до доаѓањето на границата на Ханаанската Земја. 36 Гомор е десетти дел од ефа.
1 Целата израелска заедница, по Господова заповед, тргна натаму од пустината Син. Се влогорија кај Рафидим. Таму немаше вода да пие народот. 2 Затоа народот почна да се препира со Мојсеја. Викаа: „Дај ни вода да пиеме!” А Мојсеј им одговори: „Зошто се препирате со мене? Зошто Го искушувате Господа?” 3 Ама народот ожедне за вода, па ропташе против Мојсеја и говореше: „Зошто нè изведе од Египет? Зар да не помориш со жед, нас, нашите деца и нашиот добиток?” 4 „Што да правам со овој народ! - извика Мојсеј кон Господа. Уште малку па ќе ме каменуваат.” 5 „Истапи пред народот! - му рече Господ на Мојсеја. Земи со себе неколку израелски старешини; земи го во раката стапот, со кој ја удри Реката, и тргни. 6 А Јас ќе стојам пред тебе таму, на карпата во Хорив. Удри по карпата: од неа ќе потече вода, па нека се напие народот.” Мојсеј направи така пред очите на израелските старешини. 7 Местото го нарекоа Маса и Мерива, заради тоа што Израелците се препираа и Го искушуваа Господа, зборувајќи: „Дали е Господ меѓу нас или не е?” 8 Тогаш дојдоа Амаликците и завојуваа со Израелците кај Рафидин. 9 А Мојсеј му рече на Исуса: „Одбери момчиња па тргни и зафати борба со Амаликците. Јас ќе застанам утре на врвот на ридот со Божјиот стап во раката.” 10 Исус направи како што му рече Мојсеј и стапи во борба со Амаликците, а Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот на брдото. 11 И додека Мојсеј ги држеше рацете издигнати, Израелците победуваа; а кога ќе ги спуштеше рацете, победуваа Амаликците. 12 Но најзад рацете му стежнаа на Мојсеја. Затоа зедоа камен, го ставија под него, и тој седна, додека Арон и Ор, еден од едната, а другиот од другата страна, му ги држеа рацете до зајдисонце. 13 И Исус ги совлада, со острицата на мечот, Амалика и неговиот народ. 14 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Запиши го ова во книгата за спомен, и врежи во Исусовите уши дека Јас ќе го избришам сосем споменот на Амаликците под небото!” 15 Потоа Мојсеј издигна жртвеник и го нарече: „Господ Ми е Знаме!” 16 Зашто рече: „Господовото знаме во раката! Господ ќе војува против Амаликците од поколение до поколение!”
1 А Јотор, мадијамски свешетеник, Мојсеев дедо, чу сè што направи Бог за Мојсеја и за целата израелска заедница, и како Господ ги избави Израелците од Египет. 2 Тогаш Мојсеевиот дедо, Јотор, ја поведе Сепфора, Мојсеевата жена - која Мојсеј ја беше вратил назад - 3 и обата нејзини синови. На едниот името му беше Гирсам, а тоа ќе рече: „Бев придојденец во туѓа земја.” 4 Вториот се викаше Елиезер, односно: „Бог на мојот татко ми беше на помош и ме спаси од фараоновиот меч.” 5 Така Мојсеевиот дедо, Јотор, ги поведе кон Мојсеја во пустината, каде Мојсеј се влогори на Божјата Гора, неговите синови и неговата жена. 6 Му порача на Мојсеја: „Јас, твојот дедо Јотор, доаѓам при тебе со твојата жена и со двата нејзини синови.” 7 Мојсеј му излезе во пресрет на својот дедо; му се поклони длабоко и го прегрна. Откако се распрашаа за здравјето, влегоа во шаторот. 8 Тогаш Мојсеј му раскажа на својот дедо за сè што Господ му стори на фараонот и на Египетците заради Израелците; за сите незгоди што ги снајдоа патем, ама Господ ги избави од нив. 9 Јотор се радуваше за сето добро што Господ им го направи на Израелците и дека ги ослободи од египетските раце. 10 „Нека е благословен Господ, Кој ве избави од египетските раце и од фараоновите раце - рече Јотор. 11 Сега знам дека Господ е изнад сите богови, зошто го избави народот од под египетската власт, кога постапуваа жестоко со него.” 12 Потоа Јотор, Мојсеевиот дедо, Му принесе жртва паленица и принос на Бога. Тогаш дојдоа Арон и сите израелски старешини да јадат леб на гозба пред Господа. 13 Утреден Мојсеј седна да му дели правда на народот. Народот стоеше околу него од утрото до мракот. 14 Откако го виде Мојсеевиот дедо целиот труд што тој го правеше за народот, му рече: „Што правиш тоа со народот? И зошто седиш сам, а целиот народ стои околу тебе од утро до мрак?” 15 „Народот доаѓа при мене - му одговори Мојсеј - за да се посоветува со Бога. 16 Кога имаат препирка меѓу себе, доаѓаат кај мене. Јас тогаш пресудувам меѓу едниот и другиот; им ги изложувам Божјите закони и одредби.” 17 „Не е добро како што работиш - му одговори дедото на Мојсеја. 18 И ти и тој народ со тебе ќе се исцрпите целосно. Таа работа е претешка за тебе; сам не можеш да ја вршиш. 19 Послушај ме. Ќе те советувам, и Бог ќе биде со тебе! Ти застапувај го народот пред Бога; изнесувај ги нивните спорови пред Бога. 20 Поучувај ги за законите и одредбите; покажувај им го патот по кој треба да одат, упатувај ги во дела што треба да ги вршат. 21 Тогаш, избери од целиот народ способни луѓе, кои се бојат од Бога, и праведни, кои го мразат поткупот, па постави ги за главатари на народот: илјадници, стотници, педесетници и десетници. 22 Нека му судат на народот во секое време. Сите поголеми случаи нека ги изнесуваат пред тебе, а за помалите нека пресудуваат сами. Олесни си го бремето: нека го носат тие со тебе. 23 Ако направиш така и Бог ти го одобри тоа, ќе можеш да издржиш, и сиот овој народ ќе си оди дома во мир.” 24 Мојсеј го послуша советот на својот дедо и направи како што го посоветува. 25 Мојсеј избра способни луѓе од сите Израелци па ги постави за главатари на народот: илјадници, стотници, педесетници и десетници. 26 Тие му судеа на народот во секое време. Потешките случаи му ги изнесуваа на Мојсеја, а за помалите решаваа сами. 27 Потоа Мојсеј го отпушти својот дедо, и тој отиде во својата земја.
1 Три месеци по излезот од Египетската Земја, на истиот ден, Израелците стигнаа во Синајската Пустина. 2 Идејќи од Рафидин, дојдоа во Синајската Пустина и се влогорија во пустината. Израелците го поставнја логорот тука пред гората, 3 а Мојсеј се искачи кон Господа. Господ го повика од планината и му рече: „Кажи му вака на Јакововиот дом, разгласи им на Израелевите деца: 4 ‘Вие видовте што им направив на Египетците; како ве носев на орелски крилја и ве доведов при Себе. 5 Затоа, ако Ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет, вие ќе Ми бидете посебна сопственост, покрај сите народи - па Мој е целиот свет! - 6 вие ќе Ми бидете царство, свештеници, свет народ.’ Кажи им ги тие зборови на Израелците.” 7 Мојсеј се врати и ги свика народните старешини па им изложи сè што му нареди Господ. 8 А целиот народ одговори едногласно: „Ќе правиме сè што нареди Господ.” Тогаш Мојсеј Му го пренесе на Господа одговорот на народот. 9 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Еве, Јас ќе дојдам при тебе во густ облак, за да чуе народот кога ќе зборувам со тебе, и да ти верува засекогаш.” 10 „Тргни кон народот - му рече Господ на Мојсеја - и посветувај го денес и утре. Нека ја испере својата облека; 11 нека биде готов задутре, зашто задутре Господ ќе слезе на гората Синај, пред очите на целиот народ. 12 Постави наоколу граници за народот и дај наредба: ‘Внимавајте да не се искачувате на ридот; да не се допрете ни до подножјето! Секој што ќе се допре до ридот, ќе го најде смрт. 13 Ничија рака да не се допре до него, туку нека биде затрупан со камења или застрелан со стрела: било да е човек или животно, нека не остане во живот.’ Нека се искачуваат на ридот при отегнатиот звук на трубата.” 14 Мојсеј слезе од брдото кон народот и почна да го посветува народот. Тие ја испраа својата облека. 15 „Бидете готови за задутре! - му рече Мојсеј на народот. Не приближувајте се до жена!” 16 А на третиот ден, при разденување, зататни грмеж, засветкаа молњи, а густ облак се наднесе над ридот. Грмливо екна трубата, се стресе целиот народ што беше во логорот. 17 Мојсеј го поведе народот од логорот во пресрет на Бога. Застанаа при подножјето на ридот. 18 Планината Синај беше завиткана во дим, зашто Господ слезе на неа во оган. Се креваше дим како дим од печка. Целата планина се тресеше силно. 19 Звукот на трубата стануваше сè посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше со глас. 20 Господ слезе на Синајската Гора, на врвот, и Господ го повика Мојсеја на врвот на гората. Мојсеј се искачи. 21 Сега Господ му рече на Мојсеја: „Слези и опомени го народот, за да не навалува кон Господа да го види. Мнозина би загинале. 22 И самите свештеници, кои доаѓаат близу до Господа, треба да се очистат, за да не ги уништи Господ.” 23 Народот не може да се искачи на ридот Синај - Му одговори Мојсеј на Господа - зашто Ти Самиот нè опомена: ‘Постави граници околу ридот и прогласи го за свет.’” 24 „Слези и искачи се пак со Арона - му одговори Господ. Ама свештениците и народот нека не навалуваат да се искачат кон Господа, за да не загинат.” 25 Мојсеј слезе при народот и му кажа сè.
1 Тогаш Бог ги изговори сите овие зборови: 2 „Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството. 3 Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене. 4 Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. 5 Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение, 6 а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди. 7 Не ќе го изговараш напразно името на Господа, твојот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној кој го зема напразно Неговото име. 8 Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. 9 Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. 10 А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. 11 Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден. 12 Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти се продолжат дните на земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог. 13 Не ќе убиваш! 14 Не ќе прељубодејствуваш! 15 Не ќе крадеш! 16 Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен! 17 Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!” 18 Целиот народ беше сведок на грмењето и светкањето, сите го чуја звукот на трубата и видоа како се дими гората: гледаа и трепереа и стоеја подалеку. 19 Тогаш му рекоа на Мојсеја: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме. Нека не ни зборува Господ, за да не изумреме!” 20 „Не бојте се - му рече Мојсеј на народот. Зашто Бог дојде да ве испита; за да остане со вас стравот пред Него, па да не згрешите.” 21 Народот остана подалеку, а Мојсеј му пристапи на густиот облак, каде се наоѓаше Бог. 22 „Речи им вака на Израелците - му проговори Господ на Мојсеја. ‘Сами видовте дека зборував со вас од небото. 23 Не правете покрај Мене идол од сребро, ниту правете си идол од злато. 24 Направи ми жртвеник од земја и принесувај ми ги врз него своите жртви паленици и жртви благодарници, својот ситен и својот крупен добиток. На секое место што ќе го одредам да се спомнува Моето име, Јас ќе дојдам кај тебе, за да те благословам. 25 Ако ми изградиш каменен олтар, не го гради од делкан камен, зашто штом врз него ќе го спуштиш своето длето, ќе го оскверниш. 26 Не се искачувај на Мојот жртвеник по стапалата, за да не се открие твојата голотија на него.’”
1 „Ова се прописите што треба да им ги изложиш: 2 Ако купиш еден Евреин за роб, нека служи шест години. На седмата година нека замине, без откупнина, слободен. 3 Ако дојде сам, сам и нека си замине; ако е женет, со него нека отиде и неговата жена. 4 Ако господарот му набавил жена, па таа му роди било синови било ќерки, и жената и нејзините деца нека му припаднат на нејзиниот господар, а тој нека си отиде сам. 5 Ама ако робот изјави отворено: ‘Ги љубам својот господар, својата жена и своите деца, не сакам да бидам слободен,’ 6 тогаш неговиот господар нека го доведе при судиите. Кога ќе го доведе до вратата или до столбот на вратата, господарот нека му го дупне увото со шило и нека му остане трајно во служба. 7 Кога човек ќе ја продаде ќерка си за робинка, таа нека не се ослободува како и машките робови. 8 Ако не му се допадне на својот господар, кој ја одредил за себеси, нека ја остави да се откупи. Нема право да ја продаде на странци, кога не и бил верен. 9 А ако ја одреди за својот син, нека постапува со неа како и со ќерка. 10 Ако се ожени со друга, не смее на првата да и ги крати: храната, облеката или нејзините брачни права. 11 Ако не и ги прави овие три работи, нека е слободна и нека отиде без откупнина.” 12 „Кој ќе удри човек па го усмрти, нека биде казнет со смрт. 13 Ама ако го направил тоа ненамерно, туку Бог пуштил да падне во неговата рака, ќе ти одредам место каде може да побегне. 14 Кој намерно ќе се нафрли врз својот ближен и го убие подмолно, одвлечи го и од мојот жртвеник, за да биде погубен. 15 Кој ќе ги удри својот татко или својата мајка, нека биде казнет со смрт. 16 Кој ќе грабне човек - било за да го продаде, било за да го задржи во своја власт - нека биде казнет со смрт. 17 Кој ќе ги проколне татка си или мајка си нека биде погубен.” 18 „Ако се степаат луѓе, па еден од нив го удри другиот со камен или со рака, ама овој не загине, туку падне во постела, 19 но после стане и може да излегува, макар и со стап, тогаш нека му биде простено на оној кој го удрил, само нека му го плати неговиот губиток на времето и му прибави целосно исцелување. 20 Ако некој го удри со стап својот роб или својата робинка па умре под неговата рака, треба да ја поднесе одмаздата. 21 Но ако робот преживее ден-два, нека не се спроведува одмаздата, зашто робот е негова сопственост. 22 Ако се степаат луѓе и удрат трудна жена, па таа пометне, но нема друга штета, тогаш оној кој ја удрил нека ја плати оштетата што ќе ја побара нејзиниот маж. Тој нека плати како што ќе одредат судиите. 23 Има ли друго зло, казната нека биде: живот за живот, 24 око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога, 25 изгореница за изгореница, рана за рана, синило за синило. 26 Ако некој ги удри својот роб или својата робинка во око и го упропасти, нека го ослободат заради окото. 27 Ако му избие заб на својот роб - или на својата робинка - нека го ослободи заради забот. 28 Кога вол боцне маж или жена па ги усмрти, нека се каменува со камења. Тогаш неговото месо не смее да се изеде, а на неговиот сопственик нека му биде простено. 29 Ама ако тоа добиче боцкаше и пред тоа, а неговиот сопственик, иако опоменуван, не го чувал, па тоа усмрти маж или жена, тоа добиче нека биде каменувано; а и неговиот сопственик има да биде погубен. 30 Ако на сопственикот му биде одредена откупна цена, за да го откупи својот живот, нека плати колку ќе му се одреди. 31 Ако волот убоде дете или девојче нека се постапи со него исто според ова правило. 32 Ако боцне роб или робинка, нека сопственикот им исплати на нивниот господар триесет сребрени сикли, а добичето нека биде каменувано. 33 Ако некој остави отворена јама, или некој ископа кладенец и не го покрие, па во него падне добиче или осле, сопственикот на кладенецот ќе даде надомест: 34 нека му исплати на сопственикот со сребро, а пцовисаното животно нека му припадне нему. 35 Кога нечиј вол боцне вол на друг па тој пцовиса, тогаш нека го продадат живиот вол, а добиените пари нека ги поделат; и пцовисаното добиче нека го поделат меѓу себе. 36 Ама ако се знае дека тој вол боцкал и порано, а неговиот господар не го чувал, тогаш треба да надомести вол за вол, додека пцовисаното животно ќе биде негово.”
1 „Ако некој украде говедо или животинче од ситниот добиток, па било да го заколе, било да го продаде, тогаш за едно говедо да се вратат пет говеда, а за ситно животинче четири ситни добичиња. 2 Ако крадецот биде затекнат како го пробива ѕидот, па му биде зададен смртоносен удар, неговата крв не треба да биде одмаздувана. 3 Но ако е сонцето веќе изгреано, неговата крв треба да биде одмаздена. Крадецот треба да ја надомести штетата. Ако нема ништо, тој треба да биде продаден за неговата кражба. 4 Ако се најде украденото животно живо во неговата сопственост - говедо, осле или некоја глава ситен добиток - треба да плати двојно.” 5 „Кој опусти нива или лозје, пуштајќи го својот добиток да испасе и да избрсти туѓо, нека надомести со тоа што ќе најде најубаво во својата нива и во своето лозје. 6 Кој запали оган па тој ги зафати трњето и изгори житото во снопје, во класот или на нивата, оној што го запали огнот треба да ја надомести штетата. 7 Кога некој ќе остави кај познат пари или работи на чување, па бидат украдени од неговата куќа, ако крадецот биде најден, треба да плати двојно. 8 Ако крадецот не биде најден, сопственикот на куќата нека се изведе пред судиите, за да се докаже како тој не ги спуштил своите раце врз имотот на својот ближен. 9 За секој прекршок на проневера - без оглед дали се работи за говедо, осле, ситен добиток, облека, или за која и да е изгубена работа за која се тврди: тоа е она! - спорот треба да биде изнесен пред судиите. Оној кого судиите ќе го прогласат за виновен нека му плати на другиот двојно. 10 Кога некој ќе довери на својот сосед: говедо, глава добиток, или какво и да е животинче, па тоа пцовиса, или се рани или некој го одвел, а да нема сведок, 11 заклетвата пред Господа нека одлучи меѓу двајцата дали чуварот посегна или не по имотот на својот ближен. Тоа нека му е достатно на сопственикот, а чуварот не е должен да надоместува. 12 Ако се најде дека тој го украл, треба да ја надомести штетата. 13 Ако ѕвер го раскина, нека го донесе за доказ, така што нема да даде оштета за раскинатото. 14 Кога некој позајми од својот сосед добиче на услуга, па тоа се рани или пцовиса додека сопственикот не беше со него, нека плати оштета. 15 Ако сопственикот беше со него, не му дава оштета; ама ако беше позајмено за орање, нека дојде по својата надница.” 16 „Ако некој заведе девојка, која не е свршена, и легне со неа, нека даде за неа откуп за женачка и нека ја земе за жена. 17 Ако нејзиниот татко одбие да му ја даде, заведникот треба да измери сребро во вредност на откупот за женење за девојката.” 18 „Не дозволувај да живее вражалка! 19 Секој што ќе легне со добиток, треба да биде казнет со смрт. 20 Кој ќе принесе жртва на кој и да е идол - освен на единствениот Бог - нека биде предаден на проклетството, целосно уништен.” 21 „Не го угнетувај придојденецот ниту му нанесувај неправда, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја. 22 Не ги расплачувајте вдовиците и сираците! 23 Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене, задолжително ќе го послушам нивниот вик. 24 Ќе се распали Мојот гнев, и ќе ве погубам со меч, така вашите жени ќе останат вдовици а децата сирачиња. 25 Ако му позајмиш сребро на некој од Мојот народ, на сиромавиот што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавачот! Не му наметнувај данок! 26 Ако му ја земеш на својот сосед наметката во залог, треба да му ја вратиш пред зајдисонце. 27 Па тоа му е единствената покривка, со која го завиткува своето тело и во која може да легне. Ако извика кон Мене, ќе го послушам, зашто Јас Сум милостив. 28 Не хули го судијата и не пцуј го старешината на својот народ. 29 Не се двоуми со приносите од своето изобилство од гумното и од својот леб! Дај Ми го Мене првенецот од своите синови. 30 Исто направи со своите говеда и со ситниот добиток: нека остане со својата мајка седум денови, а на осмиот ден да Ми го дадеш Мене! 31 Бидете народ што Ми е посветен Мене! Затоа не јадете месо од животни растргани од ѕверови, туку фрлете им го на кучињата!”
1 „Не давај лажни изјави! Не помагај му на злосторникот сведочејќи криво! 2 Не се поведувај по мноштвото, за да правиш зло; ниту сведочи во парницата застанувајќи на страната на мнозинството против правдата. 3 Не смееш да бидеш пристрасен кон сиромавиот во неговата парница. 4 Ако сретнеш заскитано говедо или осле на својот непријател, треба да му го доведеш назад. 5 Ако го забележиш ослето, на оној кој те мрази, како паднало под својот товар, не го оставај: треба да му помогнеш да се крене заедно со неговиот господар. 6 Не оштетувај ги правата на својот сиромав во неговата парница. 7 Стој далеку од лажно обвинение; не убивај го невиниот и праведниот, зашто Јас не им проштавам на злочинците. 8 Не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува и оние кои гледаат најјасно и го упропастува правото на праведникот. 9 Не угнетувај го придојдениот! Па знаете како му е на придојденикот, и самите бевте придојденци во Египетската Земја.” 10 „Шест години сеј ја својата земја и собирај ги нејзините плодови, 11 а на седмата година остави ја да почива необработена. Нека се хранат од неа бедните на твојот народ, а што ќе и остане нејзе, нека го изедат полските животни. Работи така и со своето лозје и со својата маслинова градина. 12 Шест дена врши ја својата работа, ама на седмиот ден откажи се од своите работи, за да ти се одморат волот и ослето и за да здивнат синот на твојата слугинка и придојденикот. 13 Внимавајте на сè што ви реков. Не спомнувајте имиња на други богови. Тоа нека и не се чуе од твојата уста.” 14 „Трипати годишно одржувај свеченост во Моја чест. 15 Слави го Празникот на бесквасниот леб. Во одредено време во месецот Авив - зашто во него излезе од Египет - седум дена јади бесквасен леб, како што ти наредив. Нека никој не истапува пред Мене со празни раце! 16 Потоа слави го Празникот на жетвата - на првините што ги донесуваат полињата, кои ги засејуваш. Потоа Празникот на бербата на крајот на годината, кога ги прибираш од полето плодовите на својот труд. 17 Трипати годишно сите твои машки нека стапат пред Господа. 18 Крвта на жртвата, што ја жртвуваш во Моја чест, не ја принесувај со стасан леб; не ја оставај за утреден масата од жртвата принесена во Моја чест. 19 Донесувај во домот на Господа, својот Бог, најдобри првини од својата земја. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.” 20 „Еве, го испраќам Својот ангел пред тебе, да те чува патем и да те доведе во местото што ти го приготвив. 21 Почитувај го и слушај го! Не буни се против него, зашто нема да ви ги опростува прекршоците: па Моето име е во него. 22 Ако му се покоруваш верно и ако вршиш сè што Сум наредил, Јас ќе им бидам непријател на твоите непријатели и противник на твоите противници. 23 Мојот ангел ќе врви пред тебе и ќе те доведе до Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананците, Евејците и Евусејците, за да ги уништам. 24 Немој да им се клањаш на нивните идоли ниту им искажувај почитување; не постапувај како што прават тие, туку сруши им ги нивните идоли и искрши им ги столбовите. 25 Искажувајте Му почитување на Господа, својот Бог, па ќе ги благословувам твојот леб и твојата вода и ќе ја отстранам болеста од тебе. 26 Во твојата земја ќе нема пометнувачка; Јас ќе го направам полн бројот на твоите денови. 27 Пред тебе ќе го испратам Својот страв; во безредие ќе го фрлам сиот свет, среде кој ќе дојдеш, и ќе направам сите твои непријатели да бегаат пред тебе. 28 Ќе испраќам стршели пред тебе, за да ги истераат пред тебе Евејците, Хананците и Хетејците. 29 Не ќе ги истерам пред тебе за една година, за да не опусти земјата и за да не се намножат дивите животни на твоја штета. 30 Ќе ги терам пред тебе малку по малку додека ти порасте потомството, така што ќе ја заземеш земјата. 31 Ќе ти поставам граница: од Црвеното до Филистејското Море, од пустината па до Реката. Имено, ќе ги предадам жителите на земјата во твоите раце, а ти терај ги пред себе. 32 Не прави завет ни со нив ниту со нивните идоли. 33 Нека не останат во твојата земја, за да не те наведуваат на грев против Мене. Ако би ги почитувал нивните идоли, тоа би било стапица.”
1 Потоа му рече на Мојсеја: „Искачете се кон Господа - ти, Арон, Надав и Авиуд и седумдесет израелски старешини. Поклонете се оддалеку! 2 Само Мојсеј нека Му се доближи на Господа! Тие нека не се доближуваат, а народот нека не се искачува со нив.” 3 Мојсеј дојде и му ги кажа на народот сите Господови зборови и сите одредби. А сиот народ одговори едногласно: „Ќе ги вршиме, сите зборови што ги рече Господ.” 4 Тогаш Мојсеј ги запиша сите Господови зборови. А наутро порани и подигна жртвеник во подножјето на ридот и дванаесет столбови за дванаесетте Израелеви племиња. 5 Потоа им наложи на младите Израелци да принесат жртви паленици и да му жртвуваат на Господа јунчиња како жртви помирници. 6 Мојсеј ја собра крвта; половината крв ја тури во садови, а половината ја излеа врз жртвеникот. 7 Потоа ја зеде Книгата на Заветот па му ја прочита гласно на народот, а народот одговори: „Ќе вршиме и ќе послушаме сè што рече Господ.” 8 Потоа Мојсеј ја зеде крвта и го попрска народот, говорејќи: „Ова е крвта на Заветот што Господ го воспоставува сега со вас на основа на сите овие зборови.” 9 Тогаш Мојсеј се искачи со Арона, Надава и Авиуда и со седумдесетте Израелеви старешини. 10 Тие го видоа Израелевиот Бог: подножјето на Неговите нозе како да беше од бесценетиот камен сафир, со болскот сличен на самото небо. 11 Ни Своите раце не ги протегна врз Израелевите избраници: слободно Го набљудуваа Бога и јадеа и пиеја. 12 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Искачи се кај Мене на ридот и почекај Ме таму. Ќе ти дадам камени плочи со законот и со заповедите, што ги напишав за нивна поука.” 13 Мојсеј и неговиот помошник Исус станаа, и Мојсеј се искачи на Божјата Гора. 14 А на старешините им рече: „Чекајте нè тука додека не се вратиме. Ете се со вас Арон и Ор. Кој има некаков спор, нека им се обрати ним.” 15 Потоа Мојсеј се искачи на гората, а тогаш облак ја покри гората. 16 Господовата слава се настани на Синајската Гора, и облакот ја покриваше шест дена. На седмиот ден Господ го повика Мојсеја од пред облакот. 17 Господовата слава на врвот на гората беше за очите на Израелците како оган што изгорува. Мојсеј навлезе во облакот и се искачи на планината. 18 Четириесет денови и четириесет ноќи Мојсеј престојуваше на гората.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Кажи им на Израелците да Ме даруваат, а вие примајте ги даровите во Моја чест од секој што дава од срце. 3 А примајте ги овие дарови: злато, сребро и бронза; 4 љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен; 5 готови овновски кожи, па убави кожи; ситимово дрво; 6 масло за осветлување; мириси за масло за помазание и за мирисливо кадење; 7 оникс и други бесцени камења, што ќе бидат вметнати во наплеќникот и врзградникот. 8 Нека Ми изградат Светилиште, за да можам да престојувам меѓу нив. 9 При градењето на Престојувалиштето и на сè во него, постапи точно според образецот што ќе ти го покажам.” 10 „Нека направат ковчег од багремово дрво: долг два ипол лакти, широк лакот ипол и висок лакот ипол. 11 Опкови го со чисто злато, опкови го однадвор и внатре; а околу него стави завршен појас од злато. 12 Излеј за него четири златни колца од едната страна, а две колца од другата. 13 Направи и две ластегарки од багремово дрво и опкови ги со злато. 14 Потоа провни ги ластегарките низ колцата од страната на Ковчегот, за да биде носен Ковчегот врз нив. 15 Нека останат ластегарките во колцата на Ковчегот; нека не се извлекуваат. 16 Сведоштвото што ќе ти го дадам, положи го во Ковчегот. 17 Очистилиштето направи го исто така од чисто злато. Нека биде долго два ипол лакти, а широко лакот ипол. 18 Искови и два херувима од злато за двата краја на Очистилиштето. 19 Направи еден херувим за едниот крај, а другиот херувим за другиот крај. Прицврсти ги на двата краја на Очистилиштето, да составуваат еден дел со него. 20 Херувимите нека ги рашират своите крилја во височина така што ќе го засолнуваат со крилјата Очистилиштето. Нека бидат со лицето свртени еден кон друг, ама така да лицата на херувимите гледаат во Очистилиштето. 21 Очистилиштето стави го на Ковчегот, а во Ковчегот положи ги плочите на Сведоштвото што ќе ти ги дадам. 22 Тука ќе се состанувам Јас со тебе и одозгора, од над Очистилиштето - меѓу оние два херувима што се на Ковчегот на плочите на Сведоштвото - ќе ти ги соопштувам сите заповеди наменети на Израелците.” 23 „Направи стол од багремово дрво долг два лакта, широк лакот, а висок лакот ипол. 24 Опкови го со чисто злато и направи му наоколу завршен појас од злато. 25 Направи му раб широк една дланка, а потоа врз работ стави завршен појас од злато. 26 Натаму, исправи ги неговите четири колца од злато па прицврсти му ги на неговите четири ножни агли. 27 Колцата нека се непосредно под работ, за да служат како рачки за носење на столот. 28 Направи ги ластегарките од багремово дрво и опкови ги со злато. Столот ќе биде носен на нив. 29 Потоа направи за него: чинии, варилки, врчви и чаши за излевање на приносите. Направи ги од чисто злато. 30 На столот секогаш пред Моето лице ставај положени лебови.” 31 „Направи светилник од чисто злато. Светилникот нека биде искован. Неговото подножје, неговото стебло, неговите чаши, чашки и цветови - сè нека биде од еден дел. 32 Шест гранки нека му излегуваат од страните: три гранки од едната страна на светилникот, а три гранки од другата страна на светилникот. 33 На едната гранка нека бидат три чаши во облик на бадемов цвет, секоја со чашка и цвет. Така за сите шест гранки што излегуваат од стеблото на светилникот. 34 На самиот светилник нека бидат четири чаши во облик на бадемов цвет, секоја со чашка и цвет. 35 Една чашка под двете гранки, создавајќи едно парче со нив; потоа чашка под другите две гранки, од едно парче со нив. Така за сите шест гранки што излегуваат од светилникот. 36 Нивните чашки и нивните кракови ќе составуваат едно парче со нив - сè исковано во едно парче од чисто злато. 37 Направи и седум светилки за нив. Светилките нека бидат поставени така што ќе го осветлуваат пространството однапред. 38 Машичките и пепелниците за нив нека се од чисто злато. 39 Употреби еден талант чисто злато за светилникот и за сиот негов прибор. 40 Внимавај! Направи ги според образецот што ти беше покажан на гората.”
1 „Шаторот направи го од десет завеси: од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. На нив нека бидат извезени ликови на херувими - дело на уметник. 2 Должината на секоја завеса нека е дваесет и осум лакти, широчината нека и е четири лакти. Сите завеси нека се со иста мерка. 3 Пет завеси нека се составени една со друга, а другите пет завеси пак една со друга. 4 Направи петелки од љубичеста волна при работ на крајната завеса во составеното парче. 5 Направи педесет петелки на работ на другата. 6 Тогаш направи педесет златни куки. Потоа завесите да бидат составени една со друга со куките. Така Шаторот ќе биде една целина. 7 Направи потоа завеси од козина за Шатор, за Покрив на Шаторот. Направи ги единаесет. 8 Нека должината на секоја завеса биде триесет лакти, а широчината на секоја завеса четири лакти. Тие единаесет завеси нека бидат со иста мерка. 9 Состави пет завеси одделно, а тогаш пак другите шест завеси одделно. Шестата завеса свиткај ја во две на предниот дел на Шаторот. 10 Сошиј педесет петелки на работ на едното составено парче на завесата, а педесет куки на работ на другото. 11 Изработи педесет куки од бронза, закачи ги куките во петелките, за да го составиш Покривот во целина. 12 А бидејќи од завесите на Шаторот ќе остане вишок, половина од завесите што се вишок нека се спушта на задниот дел на Шаторот. 13 Од она што е отповеќе во должината на шаторските завеси, нека виси по еден лакот од двете страни на светиот Шатор, за да го покрива. 14 Најпосле направи му на Шаторот покрив од приготвени и со црвено обоени овновски кожи, а врз него покрив од убави кожи. 15 Даските за Шаторот, што ќе стојат исправени нагоре, направи ги од багремово дрво. 16 Секоја даска нека биде долга десет лакти, а широка лакот ипол. 17 Секоја даска нека има два клина, за да ја држат исправена. Така направи на секоја даска за Шаторот. 18 Даските за Шаторот постави ги: дваесет даски на југ, кон пладне; 19 тогаш под дваесетте даски направи четириесет подножја од сребро, две подножја под првата даска за нејзините два клина, и така редум, две подножја за два клина на секоја идна даска. 20 За другата страна на Шаторот, на север: дваесет даски 21 и четириесет сребрени подножја, две подножја за два клина на првата даска, и така редум, две подножја за секоја даска. 22 На задната страна на Шаторот на запад, постави шест даски. 23 Направи и даски за задните агли на Шаторот. 24 Нека бидат разделени при дното, ама на врвот кај првото колце нека бидат составени. Нека така двете прават два агли. 25 И така нека бидат осум даски со нивните сребрени подножја: шеснаесет подножја, две подножја под првата даска, а пак две подножја под секоја следна даска. 26 Натаму направи лостови од багремово дрво: пет од нив за даските од едната страна на Шаторот, 27 а пет лостови од другата страна на Шаторот; тогаш пет лостови за даските на Шаторот од одназад, кон запад. 28 Средниот лост нека врви по средината на даските од едниот крај до другиот. 29 Даските да ги опковеш во злато, а и колцата за нив, низ кои ќе се провлечуваат лостовите, направи ги од злато. 30 Значи така, издигни го Шаторот според нацртот што ти беше покажан на гората. 31 Направи завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. Нека се навезени херувими врз неа. 32 Обеси ја на четири столба од багремово дрво, обложено со злато, со куки од злато, а врз четири подножја од сребро. 33 Обеси ја завесата на куките. Тогаш внеси го Ковчегот на сведоштвото тука зад завесата. Така завесата нека ти го одделува Светилиштето од Светилиштето над Светилиштата. 34 Стави го Шаторот над Ковчегот на сведоштвото во Светината над светините. 35 Потоа стави го столот надвор од пред завесата, а светилникот на јужната страна на Шаторот, спроти столот. Стави го столот на северната страна. 36 А на влезот во Шаторот направи завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен - везана со вез. 37 Изделкај пет столпчиња од багремово дрво за завесата, па опкови ги со злато. Куките за нив нека бидат од злато. Одлеј за нив пет подножја од бронза.”
1 „Направи жртвеник од багремово дрво, долг пет лакти, широк пет лакти - вистински четвртест - и висок три лакти. 2 Направи рогови на неговите четири агли. Роговите нека му бидат од едно парче со него. И опкови ги со бронза. 3 Натаму, направи за жртвеникот садови за собирање на отпадоците: лопатки, грнчиња, вилушки и кадилници. Сите прибори за жртвеникот направи ги од бронза. 4 Потоа направи за него решетка од бронза, во облик на мрежичка, а на четирите агли на мрежичката направи четири колца од бронза. 5 И стави ја под издаденоста на жртвеникот, така да зафаќа до средината на жртвеникот. 6 Потоа направи ластегарка за жртвеникот, ластегарки од багремово дрво, па ги опкови со бронза. 7 Нека ластегарките бидат провлечени низ колцата, така што ќе дојдат на двете страни на жртвеникот, кога ќе се носи. 8 Направи го шуплив, од даски: како што ти е покажано на гората, така нека е и направен.” 9 „Направи му и двор на Шаторот. На јужната страна направи завеси од препреден лен, сто лакти во должина од таа страна. 10 Нивните дваесет столбови нека стојат на дваесет подножја од бронза, и нека имаат куки и поврзувачи од сребро. 11 Исто така направи завеси за северната страна долги сто лакти. Нивните дваесет столбови и дваесет подножја од бронза, но куките и поврзувачите нека се од сребро. 12 На широчината на дворот од западната страна ќе и требаат завеси долги педесет лакти, со десет столбови и десет подножја. 13 Широчината на дворот кон источната страна нека биде педесет лакти. 14 Натаму, завесите од едната страна на вратата нека се долги петнаесет лакти, со своите три столба и со нивните три подножја. 15 А на другата страна завесите нека се пак петнаесет лакти, со своите три столба и со нивните три подножја. 16 За влезот во дворот: везана завеса од дваесет лакти, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен; и со своите четири столба и нивните четири подножја. 17 Сите столбови околу дворот нека се поврзани со сребро. Куките нека им се од сребро, а подножјата од бронза. 18 Дворот нека е во должина сто лакти, а во широчина педесет, а во височина пет лакти. Завесите нека му се од препреден лен, а подножјето од бронза. 19 Сите прибори во Шаторот за општа употреба, и сите негови колчиња, а така и колчињата во дворот, нека се од бронза.” 20 „Натаму, нареди им на Израелците да ти донесуваат за осветление чисто масло од истолчени маслинки, за да гори светилото постојано. 21 Арон и неговите синови нека го поставуваат во Шаторот на средбата надвор од завесата што го засолнува Сведоштвото, за да гори пред Господа од вечер до утро. Нека е тоа неотповиклива наредба за израелските поколенија.”
1 „А потоа доведи го при себе, од меѓу Израелците, твојот брат Арон заедно со неговите синови: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар, за да Ми служат како свештеници. 2 Направи му на својот брат Арон света облека, за слава и за величественост. 3 Обрни им се на сите вешти луѓе, кои ги надарив со мудрост, нека му направат облека на Арона, за да се посвети и за да ја врши свештеничката служба во Моја чест. 4 Нека ја направат следнава облека: врзградник, наплеќник, наметка, кошула обрабена со реси, капа и појас; нека направат света облека за твојот брат Арон и за неговите синови, за да Ми служат како свештеници. 5 Затоа тие нека примаат злато, љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен. 6 Наплеќникот нека го направат од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен - вешто изработен. 7 Нека има на него две прерамки, прицврстени за неговите краеви. 8 Ткаенината што ќе биде на него, нека е направена како и него: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен, а нека составуваат со него едно парче. 9 Потоа земи два бесценети камења - оникси и врежи ги во нив имињата на Израелевите синови: 10 шест нивни имиња на еден камен, а другите шест имиња на другиот камен, според нивното раѓање. 11 Како што копаничарот на скапоцениот камен ги врежува печатите врз прстените, така и ти врежи ги имињата на Израелевите синови. Околу нив навези златен раб, 12 па прицврсти ги двата бесценети камења за прерамките на наплеќникот, за да бидат спомен скапоцени камења на Израелевите синови. Така, Арон нека ги носи нивните имиња на своите две рамени пред Господа, за да си спомнува за нив. 13 Направи златни рамки 14 и две веришки од чисто злато. Направи ги како засукани врвци и тогаш засуканите веришки прицврсти ги за рамките.” 15 „Изработи го уметнички врзградникот за судење: направи го тоа како и работата на наплеќникот: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 16 Нека биде четвртест и двоен: должината нека му е една педа, а и широчината педа. 17 На него нареди четири редови бесценети камења. Во првиот ред нека бидат: сард, топаз и смарагд; 18 во вториот ред: антракс, сафир и адамант; 19 во третиот ред: лигириј, агат и аметист; 20 а во четвртиот ред: хрисолит, оникс и јаспис. Нека бидат вковани во златни рамки. 21 Нека бидат дванаесет тие бесценети камења колку и имињата на Израелевите синови. Нека бидат врежани како и печатите врз прстењата, секој со името на едно од дванаесетте племиња. 22 Направи за врзградникот веришки од чисто злато, засукани како врвци. 23 Потоа направи за врзградникот две колца од злато и прицврсти ги за двата горни агла на врзградникот. 24 Потоа врзи две златни врвци за тие две колца, што ќе бидат прицврстени за аглите на врзградникот. 25 Другите два краја на врвците врзи ги за двете рамки. Сега прицврсти ги така за прерамките на наплеќникот однапред. 26 Направи две колца од злато, па прицврсти ги за двата долни агла на врзградникот, покрај работ одвнатре, што е свртен кон наплеќникот. 27 Направи уште две колца од злато и прицврсти ги за долниот преден крај на прерамките на наплеќникот, покрај неговиот раб врз ткаенината на наплеќникот. 28 Нека се врзе врзградникот со своите колца со колцата на наплеќникот со сина трака, така што врзградникот да стои над ткаенината и да не може да се одделува од наплеќникот. 29 Така Арон, кога и да влегува во Светилиштето, нека ги носи на своето срце, имињата на Израелевите синови на врзградникот за пресудување, за да ги повикува секогаш во спомен пред Господа. 30 Нека бидат ставени во врзградникот за судење „Урим” и „Тумим”, за да бидат и тие на Ароновото срце, кога ќе доаѓа пред Господа. Така Арон нека ја носи секогаш, на своето срце пред Господа, пресудата на Израелевите синови.” 31 „Наметката за наплеќникот направи ја сета од љубичесто предено. 32 Отворот за главата на неа нека биде во средина. Работ околу отворот нека биде опточен како околувратникот на оклопот, така, за да не се скине наметката. 33 На нејзиниот раб сè наоколу направи чипки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, а меѓу нив ѕвончиња од злато наоколу; 34 златно ѕвонче па калинкин цвет, златно ѕвонче па калинкин цвет, околу наметката покрај работ. 35 Нека ги носи Арон додека ја врши службата, за да се слуша кога ќе влегува во Светилиштето пред Господа и кога излегува; така нема да умре.” 36 „Потоа направи една плоча од чисто злато и врежи врз неа, како што се врежува врз печатниот прстен: „Господова Светост.” 37 Врзи ја на капата со сина врвца, за да стои однапред на капата. 38 Нека стои на Ароновото чело. Така Арон нека ги преземе врз себе недостатоците, што би могле да ги извалкаат сите свети приноси што Израелците ги посветуваат. Нека стои секогаш на неговото чело, за да придобива за нив Господова благонаклонетост. 39 Кошулата со реси направи ја од лен, од лен направи ја и капата, а појасот извези го со вез. 40 И за Ароновите синови направи облеки, појаси и капи, ним за чест и слава! 41 Облечи ги во нив твојот брат Арон и неговите синови; тогаш помажи ги, посвети ги и освети ги, за да Ми служат како свештеници. 42 Направи за нив гаќи од лен, за да им го покријат голото тело. Нека стигаат од крстот до дното на бедрата. 43 Арон и неговите синови нека ги носат кога влегуваат во Шаторот на средбата или кога се приближуваат до жртвеникот за службата во Светилиштето, за да не навлечат врз себе вина и да умрат. Тоа нека биде вечна наредба за него и за неговото потомство по него.”
1 „Ова е обредот што ќе го извршиш врз нив, за да ги посветиш за Мои свештеници: земи еден јунец и два овна без недостатоци; 2 потоа пресен леб, пресни колачиња замесени во масло и бесквасни кори намачкани со масло. Направи ги од чисто пченично брашно. 3 Нареди ги во кошница и принеси ги во кошницата со јунецот и двата овна.” 4 Доведи ги Арона и неговите синови до влезот во Шаторот на средбата и измиј ги во вода. 5 Потоа земи ја облеката и облечи го Арона во кошула; стави ги врз неа наметката на наплеќникот, наплеќникот и врзградникот и препаши го преку ефодот. 6 Сложи му ја капата на главата; на капата сложи го светиот венец. 7 Потоа земи масло за помазание; излеј го врз неговата глава и помажи го. 8 Тогаш доведи ги неговите синови; облечи ги во кошулите, 9 препаши ги со појасите Арона и неговите синови и завиткај им ги капите. Свештенството нека им припаѓа според вечна одредба. Така посвети ги Арона и неговите синови!” 10 „Потоа доведи јунец пред Шаторот на средбата, па Арон и неговите синови нека положат раце врз главата на јунецот. 11 Тогаш пред Господа, на влезот во Шаторот на средбата, заколи го јунецот. 12 Земи ја крвта на јунецот и со твојот прст намачкај ги роговите на жртвеникот. Остатокот од крвта истури ја во подножјето на жртвеникот. 13 Земи го сето мрсно околу дробот, мрежичката на црниот дроб и двата бубрега со мрсното околу нив, па изгори ги на жртвеникот. 14 Месото од јунецот, неговата кожа и неговата нечистотија изгори ги во оган надвор од логорот. Тоа е жртва покајница за грев.” 15 „Потоа земи еден овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце врз неговата глава. 16 И заколи го овенот, собери му ја крвта и попрскај го со неа жртвеникот од сите страни. 17 Потоа насечи го овенот на делови, измиј му ја внатрешноста и нозете и положи ги врз неговите други делови и врз главата. 18 И тогаш изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица во чест на Господа, пријатен мирис, огнена жртва.” 19 „Тогаш земи го вториот овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце на главата на овенот. 20 Сега заколи го овенот; собери му ја крвта и намачкај ги: месестиот дел на десното Ароново уво, месестиот дел на увото на неговите синови, палецот на нивната десна рака па палецот на нивната десна нога. Со остатокот од крвта плисни го жртвеникот наоколу. 21 Потоа земи ја крвта што остана на жртвеникот и маслото за помазание и попрскај ги Арона и неговата облека, и неговите синови и нивните облеки. Така ќе бидат посветени тој и неговата облека, неговите синови и нивните облеки.” 22 „Потоа земи еден овен со лој, со мрсна опашка, со лој околу дробот, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и мрсното околу нив; десната плешка - зашто е тоа овен принесен за свештеничко посветување - 23 потоа еден тркалест леб, еден колак со масло и една кора од кошницата на бесквасниот леб што е пред Господа. 24 Сето тоа сложи им го на рацете на Арона и на неговите синови и принеси жртва вртена пред Господа. 25 Тогаш земи ги од нивните раце и изгори ги на жртвеникот, над жртвата паленица, за пријатен мирис пред Господа. Тоа е палена жртва во чест на Господа. 26 Потоа земи ги градите на овенот принесен за Ароновото посветување и принеси ги како жртва вртена пред Господа. Тоа нека биде твој дел. 27 Посвети ги градите што беа принесени како вртена жртва и плешките што беа принесени како поткрената жртва од овенот принесен за посветување на Арона и на неговите синови. 28 Тоа нека им биде награда на Арона и на неговите синови од Израелците за сите времиња. Па тоа е наемот што Израелците ќе го даваат од своите помирителни жртви - наем што Му припаѓа на Господа. 29 Ароновите посветени облеки нека им припаднат на неговите синови по него, за да бидат во нив помазани и посветени. 30 Синот кој ќе стане свештеник место него, кога ќе влезе во Шаторот на средбата за да врши служба во Светилиштето, нека ги носи седум денови.” 31 „Потоа земи го овенот за посветување и свари го неговото месо на посветено место. 32 Арон и неговите синови нека го јадат месото од тој овен и леб од кошницата на влезот во Шаторот на средбата. 33 Нека јадат од она што служи за нивно покривање на гревот, за да бидат посветени и свети. Ниту еден туѓинец нека не јаде од тоа, зашто е посветено. 34 Ако остане нешто од месото за свештеничко посветување или нешто од оној леб до наутро, изгори го на оган. Не смее да се изеде, зашто е посветено.” 35 „Направи им токму така на Арона и на неговите синови, како што ти наредив. Посветувај ги седум денови. 36 Секој ден принесувај по еден јунец како жртва покајница - за помирување. И принеси жртва покајница за помирување на олтарот, потоа помажи го, за да биде посветен. 37 Седум денови принесувај жртва помирница за жртвеникот и посветувај го. Така жртвеникот ќе стане пресвет, и сè што ќе се допре до жртвеникот ќе биде посветено.” 38 „А ова треба да го принесуваш на жртвеникот: две јагниња, годиначиња, секој ден без прекин. 39 Жртвувај едно јагне наутро, а другото жртвувај го навечер. 40 Принеси со првото јагне десетина од ефа бело брашно замесено со четвртина ин првоточно истолчено масло, и жртва изливница од четвртина ин вино. 41 Другото јагне принеси го во примрак. Со него принеси жртва приносница со неговата жртва излевница како и наутро - за пријатен мирис, жртва палена во чест на Господа. 42 Тоа нека биде трајна жртва паленица од поколение до поколение - при влезот во Шаторот на средбата, пред Господа. Таму Јас ќе се среќавам со тебе за да ти зборувам. 43 Ќе се состанувам тука и со Израелците, и Мојата слава ќе ги посветува. 44 Јас ќе ги посветам Шаторот на средбата и жртвеникот; ќе ги посветам Арона и неговите синови, за да ми служат како свештеници. 45 Јас ќе престојувам меѓу Израелците и ќе им бидам нивни Бог. 46 Тогаш тие ќе познаат дека тоа Сум Јас, Господ нивниот Бог, Кој ги избави од Египетската Земја, за да пребивам среде нив - Јас, Господ, нивниот Бог.”
1 „Направи и жртвеник за палење на темјан; направи го од багремово дрво. 2 Нека биде долг лакот, широк лакот, четвртест, и висок два лакта. Рожињата нека му бидат од едно парче со него. 3 Да ги опковеш со чисто злато: неговата горна рамнина, неговите страни наоколу и неговите рожиња. Направи му завршен појас наоколу. 4 Направи му и две златни колца. Прицврсти му ги на двете спротивни страни под завршниот појас. Низ нив ќе се провнуваат ластегарките за носење. 5 Ластегарките направи ги од багремово дрво и опкови ги со злато. 6 Постави го жртвеникот пред завесата што го засолнува Ковчегот на Сведоштвото - спроти Очистилиштето (Капак) над Сведоштвото - каде што Јас ќе се среќавам со тебе. 7 Арон нека кади врз него со благомирислив темјан секое утро кога ги подготвува светилките: 8 Арон нека кади пак во примрак, кога ги запалува светилките, за да биде тоа секогашно кадилно принесување пред Господа во сите ваши поколенија. 9 Не принесувај врз него ни непосветен темјан, ни паленици, ни приносници, ниту излевници! 10 Еднаш годишно Арон нека го изврши обредот на помирување на неговите рожиња. Обредот за помирување на жртвеникот нека го изврши со крвта на жртвата што се принесува за грев, еднаш годишно. Така правете во сите поколенија. Зашто жртвеникот е пресвета светина на Господа.” 11 Натаму Господ му рече на Мојсеја: 12 „Кога ќе правиш попис на Израелците, при утврдувањето на нивниот вкупен број, нека секој Му даде на Господа откуп за себе, кога ќе се запише, за да не ги снајде некакво зло заради пребројувањето. 13 Секој што потпаѓа под пребројувањето, нека даде: половина сикал - според храмскиот сикал, што има дваесет гери во сикал. Таа половина сикал нека биде како принос на Господа. 14 Секој што потпаѓа под пребројувањето, од дваесет години возраст па нагоре, нека Му даде принос на Господа. 15 Богатиот нека не плаќа повеќе ниту сиромавиот помалку од половина сикал, кога ќе Му даваат принос на Господа како откуп за себе. 16 Земај откупни сребреници од Израелците и употребувај ги за служба во Шаторот на средбата. Тоа нека Му биде за спомен на Господа, за да си спомнува за Израелците и за откуп на вашите души.” 17 Господ му рече на Мојсеја: 18 „Направи мијалник од бронза и подножје од бронза за миење. Постави го меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот. Тури вода во него, 19 па Арон и неговите синови нека ги мијат своите раце и нозе со водата од него. 20 Кога треба да влегуваат во Шаторот на средбата, или кога треба да се приближуваат до жртвеникот за служба, за да изгоруваат жртви паленици во чест на Господа, нека се измијат со вода, за да не загинат. 21 Нека ги измијат своите раце и своите нозе, за да ја избегнат смртта: тоа е траен правилник за него и за неговите потомци во сите поколенија.” 22 Уште му рече Господ на Мојсеја: 23 „Набави најубави мириси: пет стотини сикали најчиста смирна, половина од таа тежина - двеста и педесет - мирислив цимет, двеста и педесет мирислива трска, 24 пет стотини - според храмскиот сикал - ловор и еден ин маслиново масло. 25 Направи од тоа посветено масло за помазание; маст приготвена според искуството на мироварач. Тоа нека биде миро за помазание. 26 Потоа помажи го со тоа: Шаторот на средбата и Ковчегот на Сведоштвото, 27 столот и сиот негов прибор; светилникот и сиот негов прибор, и кадилниот жртвеник; 28 жртвеникот за жртви паленици и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка: 29 посвети ги, и тие така ќе станат посветени, и што и да се допре до нив, ќе стане посветено. 30 Помажи ги Арона и неговите синови и посвети Ми ги Мене за свештеници. 31 Тогаш речи им на Израелците вака: ‘Ова е Мое свето миро за помазание од поколение до поколение. 32 Не смее да се излева врз телото на обичниот човек; не смеете да правите друго со ваков состав! Тоа е посветено, и нека ви биде свето! 33 Кој направи такво, или кој ќе стави од него врз туѓинец, нека биде отстранет од својот народ!’” 34 Уште му рече Господ на Мојсеја: „Набави мириси: стакта, оникс и халван. Од овие мириси и од чист темјан, 35 сè во еднакви делови, направи темјан за кадење, смеса од мириси каква што прави мирисоправачот, измиена, чиста, света. 36 Од тоа столчи малку на ситно во прав и еден дел стави пред Сведоштвото, во Шаторот на средбата, каде што Јас ќе се среќавам со тебе. Сметајте го овој темјан за пресвет! 37 А темјанот што ќе го направиш според овој состав, не смеете да го правите за своја употреба. Тоа нека ти биде светина за Господа! 38 Кој ќе си направи нешто такво за да му мириса, нека биде истребен од својот народ.”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Гледај, Јас го повикав по име Веселеила, Уриевиот син, од Оровото колено, од Јудиното племе. 3 Го наполнив со Божји Дух, кој му даде умеење, разбирање и способност за секакви работи: 4 да измислува нацрти за работи од злато, сребро и бронза; 5 за режење на бесцени камења, за вметнување, за копаничарство во дрво и за секакви работи. 6 Уште го определив Елијав, Ахисамаховиот син од Дановото племе; ги надарив со вештина сите способни луѓе, за да можат да направат сè што ти наредив: 7 Шаторот на средбата, Ковчегот на Сведоштвото, врз него Очистилиштето и сиот намештај на Шаторот; 8 столот и сиот негов прибор, чистиот светилник со сиот негов прибор; 9 кадилниот жртвеник, жртвеникот за жртви паленици и неговиот прибор, потоа мијалникот и неговото подножје; 10 облеки за службата, посветените облеки за свештеникот Арон и облеките за неговите синови, за нивната свештеничка служба; 11 па миро за помазание и благомирислив темјан за Светилиштето. Нека направат сè како што ти наредив.” 12 Пак Господ му рече на Мојсеја: 13 „Речи им на Израелците: ‘Моите саботи треба да ги пазите, зашто саботата е знак меѓу Мене и вас од поколение до поколение, за да бидете свесни дека Јас, Господ, ве посветувам. 14 И така, држете ја саботата, зашто е таа света за вас. Кој ќе ја онечисти, нека биде погубен; кој ќе работи во неа каква и да е работа, нека биде отстранет од својот народ. 15 Шест дена нека се вршат работите, ама седмиот ден нека биде ден на целосен одмор, посветен на Господа. Кој ќе обавува некаква работа во саботен ден, нека биде погубен. 16 Затоа Израелците нека ја пазат саботата - празнувајќи ја од поколение до поколение - како вечен завет. 17 Таа нека е знак, засекогаш, меѓу Мене и Израелците. Па Господ за шест дни ги создаде небото и земјата, а на седмиот ден прекрати да работи и се одмори.’” 18 Кога Господ го сврши својот разговор со Мојсеја на Синајската Гора, му даде две плочи на Сведоштвото, камени плочи, напишани со Божјиот прст.
1 А народот, гледајќи дека Мојсеј не слегува долго од гората, се собра околу Арона и му рече: „Стани! Направи ни бог, па нека оди тој пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè изведе од Египетската Земја.” 2 „Извадете ги златните обетки што висат на ушите на вашите жени, вашите синови и вашите ќерки - им одговори Арон - па донесете ми ги мене.” 3 Сиот народ ги симна златните обетки, што ги имаше на ушите и му ги донесоа на Арона. 4 Откако го прими златото од нивните раце, го растопи во калапи и направи леано теле. А тие извикаа: „Ова е твојот бог Израеле, кој те изведе од Египетската Земја.” 5 Откако го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред него, а потоа најави: „Утре нека биде приредена свеченост во чест на Господа!” 6 Рано наутро станаа и принесоа жртви паленици и донесоа помирителни жртви. Тогаш народот седна да јаде и да пие. Потоа станаа за да играат. 7 „Побрзај долу! - му проговори Господ на Мојсеја. - Твојот народ, што го изведе од Египетската Земја, тргна наопаку. 8 Бргу се отстранија од патот што им го одредив. Си направија теле од излеан метал; паднаа ничкум пред него и му принесоа жртви, викајќи: ‘Ова е твојот бог, Израеле, кој те изведе од Египетската Земја!’ 9 Гледам добро - му рече натаму Господ на Мојсеја - дека овој народ е со корав врат. 10 Сега пушти да се распали Мојот гнев на нив за да ги истребам. Тогаш од тебе ќе развијам голем народ.” 11 Мојсеј пак Му се помоли на Господа, својот Бог, и велеше: „О Господи! Зошто да пламнеш со гнев на Својот народ, што го избави од Египетската Земја со голема сила и со цврста рака! 12 Зошто треба да речат Египетците: ‘Со зла намера ги одведе, за да ги погуби во планините и да ги избрише од лицето на земјата!’ Смири ги Својот гнев и лутината; откажи се од злото за Својот народ! 13 Спомни си за Авраама, Исака и Израела, за своите слуги, на кои им се заколна Сам во Себе си и им вети: ‘Ќе го размножам вашето потомство како ѕвездите на небото и сета оваа земја што ја ветив ќе му ја дадам на вашето потомство, и таа ќе биде нивно наследство засекогаш.’” 14 И Господ се одрече да навали на Својот народ несреќа, со која му се закани. 15 Мојсеј се заврте и слезе од гората. Во рацете му беа двете плочи на Сведоштвото, плочи напишани на двете свои рамнини; напишани и од едната и од другата страна; 16 Плочите беа Божјо дело; писмото беше Божјо писмо врежано на плочите. 17 А Исус ја чу викотницата на народот што викаше, па му рече на Мојсеја: „Бојна викотница во логорот!” 18 Мојсеј му одговори: „Ниту викаат победници, Ниту тажат победените: Но јас слушам само песна.” 19 Штом се приближи до логорот па го забележа телето и како играат, Мојсеј се разгневи. Ги фрли од рацете плочите и ги скрши во подножјето на планината. 20 Го грабна телето, што го беа направиле, го изгоре во оган и иситни во прав. Тогаш го расфрла правот по водата и ги натера Израелците да ја пијат. 21 „Што ти направи овој народ - му рече Мојсеј на Арона - па им навлече толку голем грев?” 22 „Нека не се распалува со гнев мојот господар - одговори Арон. Самиот знаеш добро дека овој народ е наклонет кон злото. 23 Ми рекоа: ‘Направи ни бог, па нека оди пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нè избави од Египетската Земја.’ 24 Тогаш јас им реков: ‘Кој има злато, нека го симне!’ Така ми го дадоа, а јас го фрлив во оган, па излезе ова теле.” 25 Кога Мојсеј виде дека народот стана разуздан - па Арон ги пушти да паднат во идолопоклонство меѓу своите непријатели - 26 застана при вратата на логорот и извика: „Кој е за Господа, при мене!” Сите Левиеви синови се собраа околу него. 27 Тој им рече: „Господ, Бог на Израел, зборува вака: ‘Нека секој го припаше мечот до бедрото и нека тргне низ логорот од врата до врата, па некој нека го убие брата си, некој својот пријател, некој својот сосед.’” 28 Левиевите синови го извршија Мојсеевиот налог, и во тој ден паднаа околу три илјади луѓе од народот. 29 „Денес му се посветивте на служба на Господа - рече Мојсеј - некој по цена на својот син, некој по цена на својот брат, така што денес ви дава благослов.” 30 Утреден Мојсеј му рече на народот: „Тежок грев сторивте. Сепак ќе се искачам при Господа. Можеби ќе добијам прошка за вашиот грев.” 31 Мојсеј се врати при Господа па рече: „Леле! Оној народ стори тежок грев, правејќи си бог од злато. 32 Сепак прости им го гревот. Ако не сакаш, тогаш избриши ме и мене од Својата книга, која ја напиша.” 33 Тогаш Господ му одговори на Мојсеја: „Оној кој згрешил против Мене, ќе го избришам од Мојата книга. 34 Туку, сега оди! Поведи го народот каде што ти реков. Мојот ангел ќе врви пред тебе. Но во денот кога ќе ги посетам, ќе ги казнам заради нивниот грев.” 35 Господ удри со помор на народот заради телето што им го направи Арон.
1 Господ му рече на Мојсеја: „Оди! Патувај оттука, ти и народот што го изведе од Египетската Земја, во земјата за која им се заколнав на Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја дадам на нивните потомци. 2 Ќе испратам ангел пред тебе; ќе ги истерам Ханаанците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. 3 Отидете во земјата во која течат млеко и мед. Јас нема да тргнам со вас - зашто сте народ со корав врат - за да не ве истребам патем.” 4 Кога народот ги чу овие остри зборови, почна да тагува. И никој веќе не го стави својот накит врз себе. 5 Зашто Господ му рече на Мојсеја: „Кажи им на Израелците: ‘Вие сте народ со корав врат. Кога Јас би идел со вас само еден час, би ве уништил. Затоа симнете го својот накит, а Јас ќе видам што ќе сторам со вас.’” 6 Така од планината Хорив Израелците беа без накит. 7 Мојсеј го зеде Шаторот и го оптегна надвор од логорот, далеку од логорот. И го нарече Шатор на средбата. Секој кој сакаше да Му се обрати на Господа, излегуваше при Шаторот на средбата, што се наоѓаше надвор од логорот. 8 Кога и да тргнеше Мојсеј кон Шаторот, целиот народ стануваше; секој стоеше при влезот во својот шатор и гледаше по Мојсеја додека влезеше во Шаторот. 9 А кога Мојсеј ќе влезеше во Шаторот, облачниот столб се спушташе и остануваше на влезот на Шаторот, додека Господ разговараше со Мојсеја. 10 Гледајќи го облачниот столб како стои до влезот на Шаторот, целиот народ стануваше и секој се поклонуваше длабоко при вратата на својот шатор. 11 Така Господ разговараше со Мојсеја лице во лице, како што човек разговара со пријателот. Потоа Мојсеј се враќаше во логорот, ама неговиот помошник Исус, синот Навинов, младец, не се помрднуваше од Шаторот. 12 Мојсеј се обрна кон Господа: „Гледај, Ти ми рече: ‘Поведи го овој народ,’ ама не ми јави кого ќе испратиш со мене. Уште ми рече: ‘Те знам по име и ти ја уживаш мојата благонаклонетост.’ 13 Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност. Исто така, помисли дека овие луѓе се Твој народ.” 14 „Јас лично ќе тргнам со тебе - одговори Господ - и ќе ти обезбедам одмор.” 15 „Ако не тргнеш Ти - додаде Мојсеј - и не изведувај нè оттука. 16 Па како ќе се знае дека ја уживаме Твојата наклоност, јас и Твојот народ? По тоа што идеш со нас. Само со тоа ќе се разликуваме јас и Твојот народ меѓу сите народи што се на лицето на земјата.” 17 „И ова што го побара, ќе направам - му одговори Господ на Мојсеја. - Па ти ја уживаш Мојата благонаклоност, зашто те познавам по име.” 18 „Покажи ми ја Својата слава,” замоли Мојсеј. 19 „Ќе дозволам пред тебе да помине сиот Мој болскот - одговори - и пред тебе ќе го изустам Своето име Господ. Ќе бидам милостив кому што сакам да бидам милостив; ќе му се смилувам кому што сакам да му се смилувам. 20 А ти - додаде - не можеш да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види Мене и да остане жив. 21 Еве место тука покрај Мене - продолжи Господ. Застани на карпата! 22 Додека поминува Мојата слава, ќе те ставам во пукнатината на карпата и ќе те заштитам со Својата рака додека не поминам. 23 Тогаш ќе ја помрднам Својата рака, па ќе Ме видиш од плеќи. Но Моето лице не може да се види.”
1 Господ му рече на Мојсеја: „Изделкај две камени плочи како и поранешните, па Јас ќе ги напишам на плочите зборовите што беа на првите плочи, кои ги скрши. 2 Биди готов до утре. Тогаш, наутро, искачи се на гората Синај, и таму, на врвот на гората, ќе стапиш пред Мене. 3 Никој друг нека не се качува со тебе; никој нека не се покаже никаде на гората. Ни овците, ниту говедата нека не пасат во подножјето на гората.” 4 Мојсеј изделка две камени плочи како и поранешните; рано наутро стана и се искачи на Синајската Гора, откако ги зеде во рацете двете камени плочи, како што му нареди Господ. 5 Господ слезе во облак, а тој застана пред Него и Го повика Името: „Јахве-Господ!” 6 Господ помина пред него па се јави: „Јахве! Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински, 7 искажува милост на илјадници, проштава опакост, грев и престап, но не остава неказнет виновник, туку ја казнува опакоста на татковците врз децата - и на внучињата до третото и четвртото поколение.” 8 Мојсеј веднаш падна на земја и се поклони. 9 Тогаш рече: „Господи мој! Ако придобив благонаклоност во Твоите очи, тогаш, о Господи, дојди со нас! Иако е народот со корав врат, прости ни ги нашите гревови и нашите опакости и прими нè за Свое наследство!” 10 „Добро - одговори - склучувам Завет. Пред сите твои луѓе ќе направам чудеса какви не се збиднуваат ниту во една земја, ниту во еден народ. Целиот народ, кој те опкружува, ќе види што може Господ, зашто она што ќе направам со тебе, ќе биде страшно.” 11 ”И така, извршувај што ти наложувам денес! Ете, ќе ги протерам пред тебе Аморејците, Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. 12 Внимавај да не склучиш завет со жителите на земјата во која одиш; за да не бидат стапица во твојата средина. 13 Туку, разурнете ги нивните жртвеници, соборете ги нивните столбови, исечете им ги ашерите! 14 Зашто не смееш да се клањаш на друг бог. Па Господ - името Му е Ревнител - Бог е ревнив. 15 Не прави завет со жителите на онаа земја, за да не те повикаат тие, кога ќе блудствуваат со своите богови и кога ќе им принесуваат жртви, а ти се согласиш да јадеш од принесената жртва; 16 за да не ги земаш нивните девици за жени на своите синови, па тие да не ги поведат по себе и твоите синови, кога ќе блудствуваат со своите богови.” 17 „Не прави си леани богови!” 18 „Пази го празникот Бесквасни лебови - јадејќи пресен леб седум денови, како што ти наредив - во одреденото време во месецот Авив, зашто во месецот Авив излезе од Египет. 19 Секое првороденче на мајчиното крило Ми припаѓа Мене: секое машко, секое првородено на твојот ситен и крупен добиток. 20 Првороденото на ослицата откупи го со едно грло од ситниот добиток. Ако не го откупиш, треба да му го свиткаш вратот. А сите првороденци на своите синови откупувај ги. Никој да не стапува пред Мене со празни раце.” 21 „Шест дена работи, а на седмиот откажи се од работите, сеедно ако е и во доба на орање или во време на жетва. 22 Празнувај го празникот Седмици - на првите плодови на пченичната жетва - и празникот Берба на крајот на годината. 23 Трипати годишно сите машки нека се појават пред Господа Јахве, Израелевиот Бог. 24 Зашто ќе ги протерам народите пред тебе и ќе ги проширам твоите меѓи, па никој не ќе ја посака твојата земја кога трипати годишно ќе излегуваш да се покажеш пред Господа, твојот Бог.” 25 „Од жртвата што ми ја имаш наменето не принесувај крв со ништо потквасено; ниту ја оставај жртвата принесена на Пасха да преноќева до утре. 26 Во домот на Господа, својот Бог, донесувај ги најдобрите плодови на својата земја. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.” 27 „Запиши ги овие зборови - му рече Господ на Мојсеја - зашто тие се основи врз кои склучив Завет со тебе и со Израел.” 28 Мојсеј остана таму со Господа четириесет денови и четириесет ноќи. Ниту јадеше леб ниту пиеше вода. Тогаш ги напиша врз плочите зборовите на Заветот - Десетте заповеди. 29 Најпосле Мојсеј слезе од Синајската Гора. Слегувајќи од гората ги носеше во рацете плочите на Сведоштвото. Не знаеше дека од неговото лице, заради разговорот со Господа, блескаше светлина. 30 Кога Арон и сите Израелци видоа дека од Мојсеевото лице блеска светлина, не се осмелија да пристапат кон него. 31 Тогаш Мојсеј ги повика. Арон и сите старешини на заедницата дојдоа при него. И Мојсеј разговараше со нив. 32 Потоа и сите Израелци дојдоа при него, па тој им соопшти сè што му наложи Господ на Синајската Гора. 33 Кога Мојсеј го заврши разговорот со нив, спушти превез преку своето лице. 34 Кога влегуваше Мојсеј пред Господа, за да разговара со Него, го симнуваше превезот додека не излезеше пак. Кога излегуваше да им каже на Израелците што му е наредено, 35 Израелците гледаа како од Мојсеевото лице блеска светлина. Тогаш Мојсеј го навлекуваше пак превезот преку лицето додека не влезеше да говори со Господа.
1 Мојсеј ја свика целата заедница на Израелевите синови па им рече: „Господ ви наложи да го правите ова: 2 Работата нека се извршува шест дена. Седмиот ден нека ви биде свет ден, ден за целосна починка во чест на Господа. Секој што ќе работи во тој ден, нека биде казнет со смрт. 3 Во саботен ден не палете ни оган во своето престојувалиште.” 4 Натаму Мојсеј и рече на целата израелска заедница: „Господ го нареди ова: 5 Соберете меѓу себе принос за Господа! Секој со племенито срце нека Му донесе принос на Господа: злато, сребро и бронза; 6 љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен; 7 направени овенски кожи, потоа јазовечки кожи, багремово дрво, 8 масло за осветление, мириси за масло за помазание и благомирислив темјан; 9 оникс и други бесцени камења за вметнување во наплеќникот и врзградникот. 10 А сите кои се вешти меѓу вас, нека дојдат да прават што нареди Господ: 11 Шаторот, неговиот покрив, и неговиот горен покрив, неговите куки и даски, неговите лостови и столпчиња; неговите подножја; 12 неговиот Ковчег и ластегарките; Очистилиштето, па завесата за засолнување; 13 столот со неговите ластегарки и со сите негови прибори; принесените лебови; 14 светилник за осветлување, неговиот прибор и неговите светилки, потоа масло за осветление; 15 кадилниот жртвеник и неговите ластегарки; миро и благомирислив темјан; завесата за влезот во Шаторот; 16 жртвеник за жртвите паленици со неговата решетка од бронза; ластегарките за него и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка; 17 завесите за дворот; столбовите и нивните подножја, па завесата при влезот во дворот; 18 колчињата за Шаторот и колчињата за дворот со нивните врвци; 19 свеченото руво за вршење служба во Светилиштето - посветената облека за свештеникот Арон и облеките за свештеничка служба на неговите синови.” 20 Тогаш целата израелска заедница се повлече од пред Мојсеја. 21 А тогаш секој, кого срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, дојде носејќи го својот принос во чест на Господа за градба на Шаторот на средбата, за секоја служба во него и за посветените облеки. 22 Се стрчаа мажите и жените: сите кои срцето ги влечеше донесоа: запнувачки, обетки, прстења, нараквици, огрлици и разновидни златни накити; сите што имаа заветувано некаква златна работа во чест на Господа. 23 Сите кај кои се најдоа љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен, направени овновски кожи или јазовечки кожи, го донесоа своето. 24 Натаму, секој што можеше да даде некаков дар во сребро или во бронза, го донесе тоа како принос во чест на Господа. Секој кај кого се најде багремово дрво за употреба во која и да е работа, го донесе. 25 Сите жени кои беа вешти предеа со своите раце и го донесуваа тоа што го испредоа: љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен. 26 Сите жени пак, кои ги поттикнуваше нивното срце заради нивната вештина, предеа козина. 27 Главатарите донесуваа оникс и други бесцени камења за вметнување во плеќникот и врзградникот; 28 па мириси и масло за осветление, миро за помазание и благомирислив темјан. 29 И така Израелците - сите мажи и сите жени, кои ги поттикнуваше срцето да придонесат што и да е за работата што Господ ја нареди преку Мојсеја да биде извршена - го донесоа тоа како доброволен принос во чест на Господа. 30 Потоа Мојсеј им рече на Израелците: „Гледате! Господ го назначи по име Веселеила, Уриевиот син, од Оровото колено, а од Јудиното племе. 31 Го исполни него со Божји Дух, мудрост, му даде разум и секаква вештина: 32 да замислува нацрти и да извршува работи од злато, сребро и бронза; 33 да реже бесцени камења за вметнување; да копаничи во дрво и да ја работи искусно својата работа. 34 Нему и на Елијав, Ахисамаховиот син, од Дановото племе, им додели и способност да ги поучуваат другите. 35 Ги надари со умеење во секоја работа: копаничарска, шивачка, везачка и ткаачка; тие ткаеја ткаенини од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен, способни сè во секоја работа и вешти во уметнички изработки.”
1 „Затоа Веселеил, Елијав и сите вештаци, кои Господ ги надари со вештина и способност да ги извршат искусно сите работи потребни за Светилиштето, нека ги направат како што Господ заповеда.” 2 Тогаш Мојсеј ги повика Веселеил, Елијав и сите оние што Господ ги надари со вештина; сите кои ги поттикнуваше срцето да се зафатат со работата и да ја извршат. 3 Тие ги презедоа од Мојсеја сите приноси кои ги донесоа Израелците за да се направат работите за изградбата на Светилиштето. Но бидејќи тие и натаму донесуваа приноси утро по утро, 4 сите мајстори, кои го градеа Светилиштето, дојдоа - секој од работата на која работеше - 5 и му рекоа на Мојсеја: „Народот донесува многу повеќе отколку што е потребно за изведување на работата, што Господ ни нареди да ја извршиме.” 6 Затоа Мојсеј издаде повелба што ја разгласија низ логорот: „Повеќе ниеден маж ни жена нека не донесуваат никаков прилог за Светилиштето!” Така го запреа народот, па не донесуваше нови дарови. 7 Што имаа, беше доста за да се сврши целото дело, и уште имаше отповеќе. 8 И така најискусните луѓе меѓу трудбениците го направија Шаторот. Го направија од десет завеси од преден лен и од љубичесто, црвено и темноцрвено предено. Ликови на херувими беа извезани врз нив. 9 Должината на секоја завеса изнесуваше дваесет и осум лакти, а широчината на секоја завеса четири лакти. Сите завеси беа со иста мерка. 10 Пет завеси составија една со друга, а пет други завеси составија пак една со друга. 11 На работ на последната од завесите составени во едно, направија петелки од сина волна; истото го направија и на работ на последната завеса на вториот дел; 12 направија педесет петелки на едното парче, а педесет петелки на работ на завесата на вториот дел. Петелките стоеја една спроти друга. 13 Тогаш направија педесет златни куки и ги составија завесите со куките една со друга. Така Шаторот беше како една целина. 14 Потоа за покривање на Шаторот: направија завеси од козина, ги направија единаесет. 15 Должината на секоја завеса беше триесет лакти, а широчината четири лакти. Тие единаесет завеси беа со иста мерка. 16 Составија пет завеси одделно, а шест други одделно. 17 Направија педесет петелки на работ на завесата на едниот дел, а педесет петелки направија на работ на другиот дел. 18 Направија и педесет куки од бронза за да го состават покривот заедно, така што да претставува една целина. 19 Потоа направија покрив за Шаторот од направени црвени овновски кожи, а врз него друг, од јазовечки кожи. 20 Исправените нагоре даски за Шаторот ги изработија од багремово дрво. 21 Должината на секоја даска беше десет лакти, а широчината лакот ипол. 22 Секоја даска имаше два клина еден спроти друг, за да ја држат исправена. Тоа го направија на секоја даска за Шаторот. 23 Даските за Шаторот ги направија вака: дваесет даски за јужната страна; 24 направија четириесет подножја од сребро под дваесет даски - две подножја под првата даска за нејзините два клина, и две подножја под секоја следна даска за нејзините два клина. 25 За втората, северната страна на Шаторот направија дваесет даски 26 и за нив четириесет подножја од сребро - две подножја под првата даска, а по две подножја под секоја идна даска. 27 Одназад на Шаторот, кон запад, направија шест даски. 28 Направија и две даски за аглите на Шаторот одназад. 29 Тие беа составени при дното, но при врвот се составуваа со едно колце. Така двете ги поставија за двата агла. 30 Имаше осум даски со нивните подножја од сребро; шеснаесет подножја, под секоја даска две. 31 Направија лостови од багремово дрво: пет од нив за даските на едната страна на Шаторот, 32 а пак пет лостови за даските на другата страна на Шаторот, и пет лостови за даските на Шаторот одназад, кон запад. 33 Тогаш направија средишен лост што поминуваше низ средината на даските од крај до крај. 34 Ги опковаа даските со злато, а нивните колца, низ кои беа провлечени лостовите, ги направија од злато. И лостовите ги опковаа со злато. 35 Направија завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од преден лен; ја направија со извезани херувими. 36 Направија за неа четири столбови од багремово дрво и ги опковаа со злато. Нивните куки беа од злато, а им одлеаја и четири подножја од сребро. 37 На влезот во Шаторот направија завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен, исткаена уметнички, 38 и за неа пет столпчиња со нивните куки. Врвовите на столпчињата и нивните поврзувачи ги опковаа со злато, додека пет подножја им направија од бронза.
1 Веселеил направи Ковчег од багремово дрво, долг два ипол лакти, широк лакот ипол, а висок лакот ипол. 2 Одвнатре и однадвор го опкова со чисто злато. Наоколу му направи златен завршен појас. 3 И му одлеа четири колца на неговите четири агли: две колца од едната страна, а две колца на неговата друга страна. 4 Направи и ластегарки од багремово дрво и ги опкова со злато; 5 потоа ги провлече ластегарките низ колцата на Ковчегот од страна, за носење на Ковчегот. 6 Потоа направи Очистилиште од чисто злато, долго два ипол лакти, а широко лакот ипол. 7 Направи и два херувима од ковано злато, на двата краја на Очистилиштето: 8 еден херувим на едниот крај, а другиот херувим на другиот крај. Херувимите на двата краја ги направи од еден дел со Очистилиштето. 9 Херувимите имаа издигнати и раширени крилја, го засолнуваа со нив Очистилиштето. Беа свртени со лицето еден кон друг, така што нивните лица им гледаа во Очистилиштето. 10 Направи стол од багремово дрво, долг два лакти, широк еден лакот, а висок лакот ипол. 11 Го опкова со чисто злато и му направи раб од злато наоколу, завршен појас. 12 И му направи раб наоколу, широк една дланка. А за работ наоколу направи завршен златен појас. 13 Му излеа четири златни колца. Потоа ги прицврсти колцата за четирите негови ножни агли. 14 Колцата беа непосредно под работ, како рачки за ластегарките, за да може столот да се носи. 15 Ластегарките за носење на столот ги направи од багремово дрво и ги опкова со злато. 16 А приборот што беше држан на столот - неговите чинии, кадилници, врчви и чаши за излевање на приносот - ги направи од чисто злато. 17 Направи и светилник од чисто злато. Го искова светилникот - неговото подножје и стеблото. Неговите чаши - чашки и цветови - беа од еден дел со нив. 18 Шест гранки излегуваа од неговите страни: три гранки на светилникот од едната страна, а три гранки на светилникот од другата страна. 19 На едната гранка беа три чаши во облик на бадемов цвет, секоја со својата чашка и цвет. Така беше на сите шест гранки што излегуваа од светилникот. 20 На самиот светилник имаше четири чаши во облик на бадемов цвет, секоја со чашка и цвет: 21 чашка, во еден дел со него, под првите две гранки; па конечно чашка, во еден дел со него, под двете задни гранки. Така на сите шест гранки што излегуваа од него. 22 Нивните чашки и нивните петелки беа во еден дел со него; сè тоа од чисто ковано злато. 23 А од чисто злато му направи и седум светилки, штипки и пепелници. 24 Светилникот и целиот негов прибор ги направи од еден талант чисто злато. 25 Кадилниот жртвеник го направи од багремово дрво, долг еден лакот, широк лакот - четвртест - а висок два лакта. Неговите рожиња беа во еден дел со него. 26 Ги опкова со чисто злато одозгора, страните наоколу и неговите рожиња. Му направи завршен венец наоколу од злато. 27 На него направи и две златни колца на спротивните страни, под завршниот венец, да им служат на ластегарките за рачки, кога се носи на нив. 28 Ги направи ластегарките од багремово дрво па ги опкова со злато. 29 Тогаш приготви посветено масло за помазание и за чисто мирисливо кадење, онака како што ги прави мироварецот.
1 Направи жртвеник за жртви паленици од багремово дрво, долг пет лакти, широк пет лакти - четвртест - а висок три лакти. 2 Му направи четири рога на неговите четири агли. Роговите беа од еден дел со него. Потоа го опкова со бронза. 3 А го направи и целиот прибор за жртвеникот: длабоки грнци, лопатки, садови, вилушки и кадилници; целиот овој прибор го направи од бронза. 4 Потоа направи решетка за жртвеникот во облик на мрежичка од бронза под испакнатините, му зафаќаше до средина. 5 Излеа четири колца на четирите агли на бронзената решетка, за да служат како рачки за ластегарките. 6 Ги направи ластегарките од багремово дрво па ги опкова со бронза. 7 Тогаш ги провлече ластегарките низ колцата на двете страни на жртвеникот, за да се носи на нив. Го направи со празнина од даски. 8 А потоа направи бронзен мијалник и бронзена потпирка за него од огледалата на жените, кои прислужуваа пред вратата на Шаторот на средбата. 9 Потоа направи двор. На јужната страна на дворот беа завеси од препреден лен, долг сто лакти. 10 Нивните дваесет столбови со дваесет подножја беа од бронза, додека куките на столбовите и нивните поврзувачи беа од сребро. 11 Од сто лакти беа завесите и на северната страна. Нивните дваесет столбови со дваесет подножја беа од бронза, додека куките на столбовите и нивните поврзувачи беа од сребро. 12 Завесите на западната страна беа од педесет лакти, со десет столбови и со десет нивни подножја. Куките на столбовите и нивните поврзувачи беа од сребро. 13 Однапред, на исток, завеси од педесет лакти. 14 Од едната страна на вратата завесите беа од петнаесет лакти, со три столпчиња и со три нивни подножја. 15 Така и од другата страна - значи, на двете страни на дворната врата - беа завеси од петнаесет лакти, со три столпчиња и со три нивни подножја. 16 Сите завеси околу дворот беа од препреден лен. 17 Подножјата за столбовите беа од бронза, а куките на столбовите и нивните поврзувачи од сребро. Врвовите на столбовите беа опковани со сребро. Сите столбови во дворот беа покриени со сребро. 18 Завесата на дворната врата - извезана - беше од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. Беше долга дваесет лакти; висока, во ширина, пет лакти како и дворните завеси. 19 Имаше четири нивни столбови, со четири подножја од бронза. Куките на столбовите беа од сребро. Врвовите на столбовите беа опковани со сребро, а нивните поврзувачи беа сребрени. 20 Сите колчиња во внатрешноста на Шаторот и околу дворот беа од бронза. 21 Тоа е попис на работите за Шаторот на Сведоштвото, што е составен според Мојсеевата заповед, а со труд на Левитите под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон. 22 Веселеил, Уриев син, од Оровото колено, од Јудиното племе, направи сè што Господ му заповеда на Мојсеја. 23 Со него беше Елиав, син Ахисамахов, од Дановото племе, копаничар, искусен уметник и везач за љубичесто, црвено и темноцрвено предено и за препреден лен. 24 Целото злато што беше потрошено во работите за Светилиштето - злато посветено со приноси - изнесуваше: дваесет и девет таланти и седум стотини и триесет сикли, според храмските сикли. 25 А среброто собрано при пребројувањето на заедницата - 26 односно по еден веках на глава, односно половина сикал според храмскиот сикал, од секој што беше запишан, од дваесет години па нагоре - изнесуваше: сто таланти и илјада и седум стотини седумдесет и пет сикли, во храмски сикли. Беа запишани шест стотини и три илјади и пет стотини и педесет. 27 Сто таланти сребро отидоа за леење на подножјата на Светилиштето и за завесата: сто подножја од сто таланти - талант за подножје. 28 А од илјада седум стотини седумдесет и пет сикли направи куки за столбовите, ги опкова нивните врвови и направи поврзувачи за нив. 29 Бронзата принесена како дар изнесуваше седумдесет таланти и две илјади и четири стотини сикли. 30 Од неа направи: подножја за влезот во Шаторот на средбата, бронзен жртвеник, со негова решетка од бронза и сиот прибор на жртвеникот; 31 натаму, подножја околу дворот, подножја за дворниот влез; сите колчиња за Престојувалиштето и сите колчиња околу дворот. Облека на големиот свештеник и на другите свештеници.
1 Од љубичестото, црвеното и темноцрвеното предено направија убаво изработено руво за служба во Светилиштето; направија света облека за Арона, како што Господ му нареди на Мојсеја. 2 Наплеќникот го направија од злато, љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 3 Исковаа златни плочки, а потоа ги исекоа на нишки, за да ги испреплетат уметнички во љубичестото, црвеното и темноцрвеното предено и во препредениот лен. 4 За наплеќникот направија прекурамници што беа составени со него на своите два краја; 5 ткаенината што стоеше на него, беше направена од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен како и тој, и од едно парче со него како што Господ му нареди на Мојсеја. 6 Камењата на ониксот ги опточија со раб од злато. Врз нив беа, како што се режат печатите, врезани имињата на Израелевите синови. 7 Нив ги ставија на прекурамениците на наплеќникот, за да бидат спомен-камења на Израелевите синови, како што Господ му нареди на Мојсеја. 8 И врзградникот го изработија со работата на вештаците како и наплеќникот: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 9 Врзградникот го направија четириаглест, двоен; беше долг една педа, широк педа, а удвоен. 10 Вметнаа во него четири реда бесцени камења. Првиот ред беше од сард, топаз и смарагд; 11 вториот ред од антракс, сафир и адамант; 12 третиот ред од лигур, ахад и аматист; 13 а четвртиот од кризолит, оникс и јаспис. Сето тоа беше обрабено со злато. 14 На бесценетите камења беа имињата на Израелевите синови. На број беа дванаесет колку и нивните имиња. Беа врезани како и печати - секој камен со името на едно од дванаесетте племиња. 15 За врзградникот направија веришки од чисто злато како засукани врвци. 16 Потоа направија две златни рамки и две златни колца па ги прицврстија двете колца за двата горни агли на врзградникот. 17 Сега ги заврзаа тука засуканите врвци од злато за двете колца што беа прицврстени за аглите на врзградникот. 18 Другите два краја на засуканите врвци ги прицврстија за две рамки. Така ги поврзаа со прекурамениците на наплекниќот однапред. 19 Потоа направија две златни колца па ги прицврстија за двата краја на врзградникот покрај внатрешниот раб, свртен кон наплеќникот. 20 Уште направија две златни колца па ги прицврстија за долниот, преден крај на прекурамениците на наплеќникот, крај местото каде се врзува, врз ткаенината на наплеќникот. 21 Ги врзаа колцата на врзградникот со колцата на наплеќникот со сина врвца, така што врзградникот да стои над препашката на наплеќникот и да не може да се одвои од наплеќникот, како што и Господ му нареди на Мојсеја. 22 Направија и наметка за наплеќникот од љубичесто предено. 23 Во средината на наметката имаше прорез како отвор на оклоп, разрез опшиен наоколу, за да не се скине наметката. 24 На долниот раб на наметката направија калинки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 25 А направија и ѕвончиња од чисто злато, па ѕвончињата ги врзаа меѓу калинките; сè наоколу во долниот раб на наметката меѓу калинките: 26 ѕвонче па калинкин цвет, ѕвонче па калинкин цвет околу долниот раб на наметката за вршење на служба, како што Господ му нареди на Мојсеја. 27 Потоа од исткаен лен направија кошули за Арона и за неговите синови; 28 а направија и капа од лен и капчиња од лен; направија платнени гаќи од препреден лен. 29 И појасите беа од препреден лен и од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, извезани, како што Господ му нареди на Мојсеја. 30 Направија и плоча, свет венец, од чисто злато, и врз неа врежан натпис како што се врезува на печатен прстен: „Посветен на Господа.” 31 За неа приврзаа сина врвца, за да можат да ја врзат на врвот на капата, како што Господ му нареди на Мојсеја. 32 Така беа завршени сите работи на Шаторот на средбата. Израелците направија сè онака како што Господ му нареди на Мојсеја да направат. 33 Тогаш му ги донесоа на Мојсеја: Шаторот и сиот негов прибор: неговите куки, неговите даски, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја; 34 покрив од направени црвени овновски кожи, покрив од јазовечки кожи, завесата за засолнување; 35 Ковчегот на сведоштвото со неговите ластегарки и Очистилиштето; 36 столот и сиот негов прибор, принесените лебови, 37 светилникот од чисто злато со неговите светилки - светилки веќе ставени во ред - и сиот негов прибор - и масло за осветление; 38 златен жртвеник, миро за помазание, благомиризлив темјан и завесата за влезот во Шаторот; 39 жртвеник од бронза со бронзена решетка; неговите ластегарки и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка; 40 завесите за дворот; нивните столбови и нивните подножја; завесата за дворниот влез, неговите јажиња и нивните колчиња - сиот прибор за служба во Шаторот на средбата; 41 убаво изработени облеки за служба во Светилиштето - света облека за свештеникот Арон и облеки за свештеничката служба на неговите синови. 42 Токму како што Господ му нареди на Мојсеја, така Израелците ја свршија целата работа. 43 Мојсеј ги прегледа сите работи и утврди дека ги довршиле: како што Господ нареди, така и ги направија. И Мојсеј ги благослови.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Во првиот ден на првиот месец издигни го Шаторот на средбата. 3 Таму стави го Ковчегот на сведоштвото, потоа засолни го Ковчегот со завеса. 4 Потоа внеси го столот и нареди на него што му припаѓа; внеси го и светилникот и приготви му ги светилките. 5 А златниот жртвеник за кадење стави го пред Ковчегот на сведоштвото. Потоа обеси ја завесата над влезот во Шаторот. 6 Стави го жртвеникот за паленици пред влезот на Шаторот на средбата. 7 Меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот смести го мијалникот и тури вода во него. 8 Наоколу направи двор и обеси завеса над дворниот влез. 9 Потоа земи миро за помазание и помажи ги Шаторот и сè што е во него; посвети го и сиот негов прибор, и ќе станат свети. 10 Потоа намачкај го жртвеникот за жртви паленици, и жртвеникот ќе стане пресвет. 11 Помажи го мијалникот со неговата потпирка: посвети го! 12 Потоа доведи ги Арона и неговите синови при влезот на Шаторот на средбата и измиј ги со вода. 13 Тогаш облечи го Арона во посветената облека, помажи го и посвети го за да Ми служи како свештеник. 14 Доведи ги и неговите синови, облечи ги во кошулите 15 и помажи ги, како што го помаза и нивниот татко, за да Ми служат како свештеници. Нивното помазание нека ги воведе во вечно свештенство, во сите нивни поколенија.” 16 Мојсеј направи вака. Како што му заповеда Господ, сè и така направи. 17 Во првиот ден на првиот месец на втората година, Шаторот беше подигнат. 18 Мојсеј го намести Шаторот вака: ги размести неговите подножја, тогаш ги исправи нагоре неговите даски, потоа ги постави лостовите и подигна столбови. 19 Потоа распростре покривало над Шаторот, а над него го стави покривот на Шаторот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 20 Тогаш го зеде Сведоштвото и го положи во Ковчегот; ги провлече ластегарките на Ковчегот; потоа го намести Очистилиштето одозгора на Ковчегот. 21 Потоа го внесе Ковчегот во Шаторот; ја обеси завесата за засолнување. Така го засолна Ковчегот на сведоштвото, како што Господ и му нареди на Мојсеја. 22 Потоа го положи столот во Шаторот на средбата, на северната страна на Шаторот, но надвор од завесата. 23 На него ги принесе лебовите пред Господа, како што Господ му нареди на Мојсеја. 24 Тогаш го смести светилникот во Шаторот на средбата спроти столот, на јужната страна на Шаторот. 25 И ги запали светилките пред Господа, како што Господ му нареди на Мојсеја. 26 Златниот жртвеник го смести во Шаторот на средбата, пред завесата. 27 Запали врз него благомиризлив темјан, како што Господ му нареди на Мојсеја. 28 Потоа ја закачи завесата на влезот во Шаторот. 29 При влезот во Шаторот на средбата, го намести жртвеникот за жртви паленици. Врз него принесе жртва паленица и лебен принос, како што Господ му нареди на Мојсеја. 30 Меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот го смести мијалникот, па тури во него вода за миење. 31 Мојсеј, Арон и неговите синови ги мијеа своите раце и своите нозе од него. 32 А ги миеја кога влегуваа во Шаторот на средбата и кога пристапуваа кон жртвеникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 33 Најпосле Мојсеј направи двор околу Шаторот и жртвеникот и обеси завеси на дворната врата. Така Мојсеј ја сврши работата. 34 А тогаш облак го прекри Шаторот на средбата и Господовата слава го исполни Шаторот. 35 Мојсеј не можеше да влезе во Шаторот на средбата заради облакот што стоеше на него и заради Господовата слава што го исполнуваше Шаторот. 36 За цело време на нивното патување, штом облакот ќе се кренеше од Шаторот, Израелците тргнуваа: 37 но ако облакот не се кренеше, ни тие не тргнуваа на пат сè до денот кога ќе се кренеше. 38 Зашто за целото време на нивното патување Господовиот облак стоеше дење над Шаторот, а ноќе се појавуваше во облакот оган, видлив за сиот Израелов дом.
1 Господ го повика Мојсеја и му рече од Шаторот на средбата: 2 „Говори им на Израелевите синови и кажи им: ‘Кога некој од вас сака да Му принесе на Господа жртва од добитокот, нека ја принесе или од крупниот или од ситниот добиток. 3 Ако неговиот принос за жртвата паленица биде од крупниот добиток, нека принесе машко без недостаток. Нека го доведе кон влезот на Шаторот на средбата, за да биде примен пред Господа. 4 Нека ја стави својата рака на главата на жртвата паленица, за да му биде примена и со тоа да му се покрие вината. 5 Потоа нека заколе јунец пред Господа. А Ароновите синови, свештениците, нека ја принесат крвта. Нека ги прскаат со неа сите страни на жртвеникот што стои пред влезот на Шаторот на средбата. 6 Потоа нека ја одерат жртвата и нека ја насечат на делови. 7 Ароновите синови, свештениците, нека запалат оган на жртвеникот и нека стават дрва во огнот. 8 Потоа Ароновите синови, свештениците, нека ги наредат деловите, со главата и со салото, врз дрвата што се во огнот на жртвеникот. 9 Внатрешноста и нозете нека бидат измиени со вода, и свештеникот нека изгори сè на жртвеникот: тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис.’ 10 ‘Ако некој сака да принесе жртва паленица од ситниот добиток - од овците или од козите - нека принесе машко без недостаток. 11 Нека го заколе пред Господа, на северната страна на жртвеникот. А Ароновите синови, свештениците, нека го испрскаат со крв жртвеникот од сите страни. 12 Потоа нека ја насечат на делови, а свештеникот нека ги нареди деловите, со главата и со салото, врз дрвата што се во огнот на жртвеникот. 13 Внатрешноста и нозете нека бидат измиени во вода. Тогаш свештеникот нека принесе сè и нека го изгори на жртвеникот: тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис.’ 14 ‘Ако сака да Му принесе на Господа птици како паленица, тогаш нека принесе грлица или гулапче. 15 Свештеникот нека ја принесе кон жртвеникот и, откако ќе и го свитка вратот, нека ја скине главата и ја изгори на жртвеникот, а крвта нека ја исцеди отстрана на жртвеникот. 16 Нека и ги отстрани вратот и перјата и нека ги фрли на источната страна на жртвеникот, во местото за пепелта. 17 Нека ја расече во должина на двете крила, но нека не ги одделува: и свештеникот нека ја изгори на жртвеникот, врз дрвата што се во огнот: тоа е паленица, жртва палена на Господа за пријатен мирис.’
1 ‘Ако некој сака да Му принесе на Господа жртва лебен принос, неговиот дар нека биде од чисто брашно; нека го излее со елеј и нека стави темјан на него. 2 Тогаш нека им го донесе на Ароновите синови, на свештениците. И нека земе полн грст брашно со маслото и со сиот темјан и свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот, за спомен. Тоа е жртва палена на Господа за пријатен мирис. 3 А што ќе остане од лебниот принос нека им припадне на Арона и на неговите синови - најсветото од Господовите жртви.’ 4 ‘Ако сакаш да принесеш лебен принос печен во печка, тоа нека бидат бесквасни погачи од чисто брашно, замесени со масло, или бесквасни кори, намачкани со масло. 5 Ако твојот дар биде лебен принос печен во сад за пржење, нека биде од чисто брашно, бесквасен и замесен со масло. 6 Раскрши го на делови и излеј масло на нив: тоа е лебен принос. 7 Ако твојот лебен принос е варен во сад за варење, нека биде од чисто брашно со масло. 8 Принесувај Му на Господа лебен принос направен така! Нека му биде предаден на свештеникот, а тој ќе го принесе кон жртвеникот. 9 Свештеникот нека оддели дел од лебниот принос, за спомен, па нека го изгори на жртвеник: како жртва паленица на Господа за пријатен мирис! 10 А остатоците од лебниот принос за Арона и за неговите синови - тоа е најсветото од Господовите жртви.’ 11 ’Никаков лебен принос, што ќе му го принесуваш на Господа, да не биде правен со квас, зашто не смееш да гориш ни квас ни мед како жртва паленица за Господа. 12 Принесувајте ги како приноси од првите плодови; но нека не бидат горени на жртвеникот за пријатен мирис. 13 Посоли го секој свој лебен принос. Не оставај ги твоите лебни приноси без солта на Заветот со твојот Бог: при секој твој принос принесувај и сол.’ 14 ‘Ако му принесуваш на Господа лебен принос од првите плодови, принеси во дар од твоите првини од класјето, пржени на оган, или брашно од сомлени зрна. 15 И излеј масло и стави темјан врз него: тоа е лебен принос. 16 А свештеникот нека ги изгори: дел од зрната и маслото со сиот темјан, како жртва паленица на Господа.’
1 ‘Ако некој принесува помирителна жртва и ако принесе говедо - женско или машко - нека е без недостаток што Му принесува на Господа. 2 Нека ја положи својата рака врз главата на својата жртва и нека ја заколе при влезот на Шаторот на средбата. Потоа Ароновите синови, свештениците, нека ги испрскаат со крвта сите страни на жртвеникот. 3 И нека ги принесе од помирителната жртва, како паленица: маста што ја обвиткува внатрешноста, сето сало што е околу внатрешноста; 4 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; и мрежичката што е на црниот дроб; нека ја извади и неа со бубрезите. 5 Потоа Ароновите синови нека го изгорат тоа на жртвеникот заедно со паленицата, што ќе биде врз дрвата на огнот: тоа нека е жртва палена на Господа за пријатен мирис.’ 6 ‘Ако некој Му принесува на Господа помирителна жртва од ситниот добиток, нека принесе без недостаток, било машко или женско. 7 Ако принесува јагне како дар, нека го принесе пред Господа. 8 Нека ја положи својата рака на главата на својата жртва и нека го заколе пред Шаторот на средбата. Потоа Ароновите синови нека ги испрскаат со неговата крв сите четири страни на жртвеникот. 9 Од помирителната жртва нека Му принесат паленица на Господа: лојта, целата опашка слината до ‘рбетникот; лојот што ја обвиткува внатрешноста; 10 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката од црните дробови: нека ја извади и неа со бубрезите. 11 Свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот - како храна на огнот за Господа.’ 12 ‘Ако принесува коза, нека ја принесе пред Господа: 13 нека ја положи својата рака на главата на својата жртва и нека ја заколе пред Шаторот на средбата. Потоа Ароновите синови да ги попрскаат со нејзината крв сите четири страни на жртвеникот. 14 Тогаш нека Му ги принесе на Господа како паленица: лојот што ја обвиткува внатрешноста, сиот лој што е околу внатрешноста; 15 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката на црниот дроб, нека ја извади и неа со бубрезите. 16 Тогаш свештеникот нека ги изгори на жртвеникот - палена жртва на Господа за пријатен мирис; сиот лој е Господов. 17 Ова нека им биде вечен закон на сите ваши поколенија, во кое место и да престојувате: не смеете да јадете ни лој ни крв.’”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Ако некој и згреши од незнаење на која и да е Господова заповед и стори нешто што е забрането да се прави; 3 ако помазаниот свештеник согреши и навлече вина врз народот, тогаш за гревот што го сторил нека Му принесе на Господа едно грло крупен добиток, еден јунец без недостаток, како жртва за грев. 4 Нека го доведе јунецот пред Господа до влезот во Шаторот на средбата; нека ги положи своите раце на главата на јунецот и нека го заколе пред Господа. 5 Тогаш помазаниот свештеник нека ја земе крвта од јунецот и нека ја донесе во Шаторот на средбата. 6 И свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и со крвта нека ја попрска седумпати предната страна на завесата на Светилиштето пред Господа. 7 Свештеникот нека ги помаже со крвта роговите на жртвеникот за благомирисливо кадење, што се дими пред Господа во Шаторот на средбата. Сета останата крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа при влезот во Шаторот на средбата. 8 Нека ги извади од јунецот принесен за грев: лојот што ја обвиткува внатрешноста; 9 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, мрежичката од црниот дроб; нека ја извади и неа со бубрезите; 10 онака како што се зема дел од вол за помирителна жртва. Потоа свештеникот нека ги изгори на жртвеникот како паленица. 11 Кожата од јунецот, сето негово месо, неговата глава, неговите нозе, внатрешноста и неговата нечистота 12 - целиот јунец - нека ги изнесе на чисто место надвор од логорот каде се истурува пепелта - и нека го изгори на оган од дрва; нека биде изгорен таму на пепелта.’ 13 ‘Ако целата израелска заедница згреши од незнаење, сторувајќи нешто што Господ го забранил па ако така станат виновни, а не се свесни за вината, 14 тогаш, кога ќе се дознае за сторениот престап, општеството нека принесе еден јунец како жртва за грев. Нека го доведат пред Шаторот на средбата. 15 Тука, пред Господа, старешините на заедницата нека ги положат своите раце на главата на јунецот. И нека го заколат јунецот пред Господа. 16 А помазаниот свештеник нека донесе од крвта на јунецот во Шаторот на средбата; 17 свештеникот нека го накваси својот прст во крвта и нека ја попрска седумпати предната страна на завесата, пред Господа. 18 Потоа нека стави крв на роговите на жртвеникот што се наоѓа пред Господа во Шаторот на средбата. Сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици, што се наоѓа на влезот во Шаторот на средбата. 19 Нека го извади од него сиот лој и нека го изгори на жртвеникот. 20 Нека направи со јунецот како што стори и со оној што беше принос за грев - така нека направи и со него. И откако свештеникот ќе направи покривање за нивниот гревот, ќе им биде простено. 21 Нека го однесе јунецот надвор од логорот и нека го изгори како што го изгоре и првиот јунец. Тоа е жртва за грев на општеството.’ 22 ‘Ако кнез згреши од незнаење и направи нешто што Господ, неговиот Бог, го забранил и така стане виновен, 23 тогаш, кога ќе го известат за престапот што го сторил нека донесе како свој принос машко јаре без недостаток. 24 Откако ќе ја положи својата рака на главата на јарето, нека го заколе на местото каде се коле паленица пред Господа. Тоа е жртва за грев. 25 Свештеникот нека земе со својот прст крв од приносот за грев, па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за паленици. 26 Сиот лој нека го изгори на жртвеникот како и лојот од помирителна жртва. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, и ќе му биде простено.’ 27 ‘Ако некој од народот на земјата згреши од незнаење, правејќи нешто што Господ забранил и така согрешил, 28 тогаш, кога ќе му биде посочен престапот што го сторил, нека донесе женско јаре без недостаток како свој принос за гревот што го направил. 29 Нека ја положи својата рака на главата на жртвата за грев и нека ја заколе жртвата за грев на местото за паленици. 30 Свештеникот нека земе крв на својот прст и нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот. 31 Потоа нека го извади сиот нејзин лој како што се вади лој од жртва помирница; па свештеникот нека го изгори на жртвеникот како благопријатен мирис на Господа. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, и ќе му биде простено.’ 32 ‘Ако некој сака да доведе јагне како жртва за грев, нека доведе женско без недостаток. 33 Откако ќе ја положи својата рака на главата на приносот за грев, нека го заколе како жртва за грев на местото каде се колат паленици. 34 Тогаш свештеникот нека земе крв од жртвата за грев на својот прст па нека ја стави на роговите на жртвеникот за паленици. А сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот. 35 Потоа нека го извади сиот нејзин лој како што се вади лој од помирителна жртва, од јагне. Свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот како принос на Господа. И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го сторил, па ќе му биде простено.’
1 ‘Ако згреши некој така, што чул зборови на колнење и бил сведок, или видел или знаел, па не соопштил, тој ќе ја носи вината врз себе; 2 или ако некој се допре до што и да било нечисто, мрша на нечист ѕвер, мрша на нечисто животинче или мрша на нечист влекач - и од незнаење стане нечист и виновен; 3 или ако некој се допре до човечка нечистота, или до што и да е од што се станува нечист, и не е свесен за тоа, кога ќе дознае, бидува одговорен. 4 Натаму, ако некој непромислено изусти заклетва на добро или зло - на што веќе човекот се заколнува непромислено - и не е свесен за тоа, тогаш, кога ќе дознае, станува виновен; 5 и така ако некој стане виновен во што и да е од тоа, нека се исповеда за вината 6 и нека Му принесе на Господа за својот грев, што го сторил, жртва за престап: едно женско од ситниот добиток, јагне или јаре, за грев, и свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев.’ 7 ‘Ако не е во состојба да принесе овца, како надомест за направениот грев, нека Му принесе на Господа две грлици или две гулапчиња; едното како жртва за грев, а другото како паленица. 8 Нека ги донесе при свештеникот, а тој нека го принесе најнапред она што е одредено за жртва за грев. Откако ќе го притисне за вратот, нека му ја скрши шијата, но нека не ја откине главата. 9 Со крвта на жртвата за грев нека го попрска жртвеникот од страна, а другата крв нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот: тоа е жртва за грев. 10 А другото нека го принесе како паленица, според прописот; и така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, со кој згрешил, и ќе му биде простено.’ 11 ‘Ако неговите средства не му дозволуваат да набави две грлици или две гулапчиња, нека Му принесе на Господа, за тоа што згрешил, една десетина ефа чисто пченично брашно. Нека не турува масло на него ниту да става темјан на него, зашто е жртва за грев. 12 Кога ќе му го донесе тоа на свештеникот; свештеникот нека земе полн грст како спомен-жртва, и нека го изгори на жртвеникот како принос на Господа, над палениците: тоа е жртва за грев. 13 И така свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот грев, што го направил во кој и да е од тие случаи, и ќе му биде простено; остатокот му припаѓа на свештеникот, како и од лебниот принос.’” 14 И уште му рече Господ на Мојсеја: 15 „Ако некој направи престап, огрешувајќи се на несакање во однос на Господовите свети работи, нека Му принесе на Господа, од своето стадо овци - овен без недостаток, што чини, според твојата процена, најмалку два сикла сребро, според цената на храмскиот сикал, како жртва за престап. 16 Нека надомести колку што згрешил во однос на светите работи и нека додаде уште петина кон тоа, и нека му го даде на свештеникот сè тоа; и свештеникот ќе направи да му биде покриен гревот со овенот на жртвата за престап, и ќе му биде простено.” 17 „Ако некој и не знаејќи згреши и стори нешто што Господ забранил, виновен е, и нека ги носи последиците од својата кривица. 18 Нека му донесе на свештеникот, како жртва за престап, од своето стадо: овен без порок, според твоја процена; и свештеникот ќе направи да биде покриен неговиот прекршок, што го направил во незнаење, и ќе му биде простено. 19 Тоа е жртва за престап, со кој згрешил пред Господа.”
1 Господ му рече уште на Мојсеја: 2 „Ако некој згреши и направи престап пред Господа, измамувајќи го својот ближен за нешто што му е доверено нему или за залог, а исто и со кражба или со исползување на својот ближен; 3 или, ако најде нешто загубено, па излаже и се заколне криво, во било кој и да е грев што човек може да го стори; 4 ако некој згреши така и стане виновен, тогаш она што го одзеде со кражба или што го придоби со искористување; или нештото што му беше доверено; или загинатата работа што ја нашол; 5 или она за што се заколнал лажно - нека биде вратено целосно и, додавајќи му петина на тоа, нека му го даде на оној кому што му припаѓа, во истиот ден кога ќе ја сознае својата вина. 6 Потоа на свештеникот за надомест, како принос за престап на Господа, нека му доведе од своето стадо овци еден овен без недостаток, според твоја процена, 7 И свештеникот ќе направи да се покрие вината пред Господа, и ќе му биде простено, што и да сторил, сè, со што станал виновен.” 8 Господ му рече уште на Мојсеја: 9 „Нареди им на Арона и на неговите синови: обредот за жртва паленица е ваков: жртвата паленица нека остане на жарта во жртвеникот цела ноќ до утрото; и оган нека гори непрекратно на жртвеникот. 10 Свештеникот нека облече врз себе ленена кошула, нека навлече ленени гаќи врз своето тело; потоа нека ја собере пепелта во што огнот ја претвори паленицата на жртвеникот, и нека ја остави покрај жртвеникот. 11 Потоа нека ја соблече својата облека и нека облече друга, па нека ја однесе пепелта на чисто место надвор од логорот. 12 Огнот на жртвеникот треба да гори секогаш; не смее да гасне. Секое утро, свештеникот нека реди дрва и тогаш нека ја положи жртвата паленица врз него. Таму нека го изгорува лојот од помирителната жртва. 13 Огнот на жртвеникот нека гори непрекратно; нека не гасне.” 14 „Ова е закон за лебниот принос: Ароновите синови нека го принесуваат во присуство на Господа пред жртвеникот. 15 Откако еден од нив земе грст чисто брашно и масло од лебниот принос и сиот темјан што ќе биде на него, откако тоа ќе го изгори на жртвеникот како спомен-жртва, пријатен мирис пред Господа, 16 остатокот - во вид на бесквасни лебови - нека го изедат Арон и неговите синови; нека го јадат на посветеното место: во дворот на Шаторот на средбата. 17 Нека не се пече со квас. Тоа е дел од жртвите, палени за Мене, што Јас им го давам - најсветиот дел, исто како и приносот за грев и приносот за престап. 18 Секое машко од Ароновото потомство може да го јаде тој дел од жртвите палени на Господа, и тоа е вечен закон за сите ваши поколенија: кој и да се допре до нив, ќе биде осветен.” 19 Господ му рече уште на Мојсеја: 20 „Арон и неговите синови, на денот на нивното помазание, нека Му го принесат на Господа овој принос: десетина ефа од чисто пченично брашно како редовен лебен принос, половина наутро, а половина навечер. 21 Нека биде зготвен во сад за пржење со масло. Донеси го добро наквасен и принеси Му го на Господа како пријатен мирис. 22 Така нека го зготви свештеникот, кој - од неговите синови - ќе биде помазан за да го наследи. Тоа е вечен закон. Тоа нека се изгорува цело за Господа! 23 Секој свештенички лебен принос треба да биде изгорен сосем; од него да не се јаде.” 24 Господ му рече уште на Мојсеја: 25 „Кажи им на Арона и на неговите синови: ‘Ова е закон за принос за грев: жртвата за грев нека биде заклана пред Господа на местото каде се коле жртва паленица - најсвета е! 26 Свештеникот кој ја принесува жртвата за грев нека јаде од неа; таа нека биде јадена на свето место, во дворот на Шаторот на средбата. 27 Секој што ќе се допре до нејзиното месо, ќе биде посветен; ако крвта ја испрска облеката, испрсканиот дел нека биде испран на свето место. 28 А садот од глина, во кој ќе биде варено месото, нека биде скршен; а ако биде варено во бронзен сад, нека се истрие и нека се измие со вода. 29 Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа - пресвета е! 30 Но ниедна жртва за грев - од која крвта е донесена во Шаторот на средбата за покривање на гревот во Светото место - нека не се јаде, туку да биде изгорена на оган.’
1 ‘Еве го законот за жртва за престап: таа е најсвета! 2 Жртвата за престап нека биде заклана на местото каде ги колат жртвите паленици, а со нејзината крв свештеникот нека го испрска жртвеникот од сите страни. 3 Потоа нека го принесе сиот лој од неа: опашката, лојот што ја обвива внатрешноста, 4 двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката на црниот дроб: нека ја извади и неа со бубрезите! 5 Свештеникот нека ги изгори на жртвеникот како жртва палена на Господа. Тоа е жртва за престап. 6 Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа. Нека се јаде на свето место - најсвета е! 7 Каква е жртвата за грев, таква е и жртвата за престап, еден е законот за нив: таа му припаѓа на свештеникот, кој врши покривање на гревот со неа. 8 Исто така кожата од жртвата што некој ќе му ја предаде на свештеникот, за да биде принесена како жртва паленица, нека му припадне на свештеникот. 9 Натаму, секој лебен принос што ќе биде печен во печка како и секој што ќе биде зготвен во грне или во сад за пржење, нека му припадне на свештеникот кој го принесува. 10 А секој лебен принос, замесен со масло или насуво, нека им припадне на сите Аронови синови, на еднаков дел!’ 11 ‘Ова е законот за помирителната жртва што ќе Му биде принесувана на Господа. 12 Ако се принесува за благодарност, заедно со жртвата благодарница нека бидат принесени бесквасни погачи замесени со масло; бесквасни кори намачкани со масло и колачиња од чисто брашно, замесени со масло. 13 Овој принос, надополнет со колачиња од заквасено тесто, нека се принесува заедно со помирителната жртва за благодарност. 14 Од секоја ваква жртва нека Му се принесе по еден возвишен принос на Господа. Тоа нека биде за свештеникот што ја прска крвта од помирителната жртва. 15 А месото од помирницата нека биде изедено во истиот ден кога ќе биде жртвувана; од неа нека не се остава ништо за следното утро. 16 А ако биде приносот: жртва заветница или доброволен принос нека биде изедена на денот кога жртвата се принесува. Што ќе остане од неа, нека биде јадено следното утро. 17 А што ќе остане уште од месото на жртвата, нека биде изгорено врз оган на третиот ден. 18 Ако некој јаде месо од помирителната жртва на третиот ден, жртвата нема да биде примена, ниту ќе му се засмета на оној кој ја принесува. Таа жртва е онечистена, и оној што ќе јаде од неа, ќе понесе грев врз себе!’ 19 ‘Месото што ќе се допре до што и да е нечисто, нека не се јаде, туку да биде изгорено на оган! Инаку кој е чист, може да јаде чисто месо. 20 А кој би јал нечисто од месото на помирителната жртва, што Му беше принесена на Господа, да биде истребена таа душа од својот народ. 21 Кога некој ќе се допре до што и да е нечисто - било тоа да е човечка нечистота, некакво нечисто животно или каква и да е нечиста гадинка или какво и да е нечисто суштество - па изеде месо од помирница, што Му е принесена на Господа, таквиот нека биде откорнат од својот народ!’” 22 Господ му рече на Мојсеја: 23 „Речи им на Израелевите синови вака: ‘Не јадете лој ни волски, ни овчи, ни козји. 24 Лојот од животно што ќе пцовиса, или што дивите ѕверови ќе го раскинат, може да биде употребено за што и да е, но не смеете да го јадете. 25 Секој што јаде лој од животно, што може да Му биде принесено на Господа како паленица, таквиот нека биде откорнат од својот народ. 26 Не смеете да јадете крв ни од птици ни од добиток, ниту во едно од вашите живеалишта. 27 Секој што би јал било каква крв, нека биде откорнат од својот народ.’” 28 Господ му рече уште на Мојсеја: 29 „Кажи им на Израелевите синови: ‘Приносот на Господа од помирителната жртва треба да ја донесе оној кој Му ја принесува на Господа помирницата. 30 Со своите сопствени раце нека Му ја принесе на Господа жртвата паленица; нека ги принесе лојот и градите; градите да бидат вртени пред Господа. 31 Свештеникот нека го изгори лојот на жртвеникот, а градите нека им припаднат на Арона и на неговите синови. 32 Десната плешка од вашите помирителни жртви дајте му ја дар на свештеникот. 33 На оној Аронов син кој ќе ги принесува крвта и лојот од помирителната жртва нека му припадне во дел десната плешка. 34 Зашто Јас ги земам од Израелевите синови од нивните помирници: вртените гради и воздигнатите плешки, па им ги предавам на Арона и на неговите синови, како вечен закон од Израелевите синови.’” 35 Ова е приход на Арона и на неговите синови од жртвите палени во чест на Господа; им се доделуваат од оној ден, кога започнуваат да служат како свештеници пред Господа. 36 Господ заповеда да им се дава тоа, од денот кога ќе бидат помазани, како награда од Израелците. Тоа е трајна одредба за нивните поколенија. 37 Тоа е закон за жртвата паленица, за лебниот принос, за приносот за грев, за приносот за престап, за жртвата за посветување и за помирителната жртва, 38 што Господ му го даде на Мојсеја на Синајската Гора, кога им заповеда на Израелевите синови да Му принесуваат жртви на Господа во Синајската Пустина.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Земи ги: Арона, а со него и неговите синови; облеките и маслото за помазание, јунецот на жртвата за грев, двата овна и кошницата со бесквасни лебови, 3 па собери ја целата заедница при влезот од Шаторот на средбата.” 4 Мојсеј направи како што му нареди Господ, и општеството се собра при влезот од Шаторот на средбата. 5 Тогаш Мојсеј и проговори на заедницата: „Господ нареди да се направи ова.” 6 Потоа Мојсеј ги изведе Арона и неговите синови и ги изми со вода. 7 Го облече во облека, го препаша со појас, го наметна со наметка и му стави ефод (наплеќник). Потоа го опаша со ткаенината на наплеќникот и со неа го пристегна наплеќникот до него. 8 Му стави врзградник, а во врзградникот ги вметна Уримот и Тумимот. 9 На главата му сложи митра (капа), а однапред на капата закачи златна плочичка - свет венец - како што Господ му нареди на Мојсеја. 10 Потоа Мојсеј го зеде маслото за помазание и ги помаза Шаторот на средбата и сè што е во него, за да ги освети. 11 Седумпати го попрска со него жртвеникот па ги помаза жртвеникот и сиот негов прибор, мијалникот со неговото подножје, за да ги освети. 12 Излеа миро врз Ароновата глава и го помаза, за да го посвети. 13 Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови; ги облече во хитони (облеки), ги препаша со појаси и им сложи капи, како што Господ му нареди на Мојсеја. 14 Потоа доведе јунец за жртва за грев. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на јунецот на жртвата за грев. 15 И Мојсеј го закла, па ја зеде крвта и со својот прст ја стави на роговите околу жртвеникот. Така го очисти жртвеникот. Другата крв ја излеа во подножјето на жртвеникот; го освети, за да го направи чист. 16 Потоа Мојсеј ги зеде: сиот лој што беше околу внатрешноста, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и нивниот лој, и ги изгоре на жртвеникот. 17 А кожата од јунецот, неговото месо и неговата нечистота ги изгоре во оган надвор од логорот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 18 Тогаш доведе овен за жртва паленица. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот. 19 А Мојсеј го закла и го попрска со крвта жртвеникот од сите страни. 20 Откако го исече овенот на делови, Мојсеј ги изгоре главата, деловите и лојот. 21 Во вода ги изми внатрешноста и нозете па го изгоре целиот овен на жртвеникот. Тоа е паленица за пријатен мирис - жртва палена на Господа - како што Господ му заповеда на Мојсеја. 22 Потоа доведе друг овен, овен за жртва за посветување. Арон и неговите синови ги положија своите раце на главата на овенот. 23 Мојсеј го закла, ја зеде неговата крв и ја стави на крајот на Ароновото десно уво, на палецот на неговата десна рака и на големиот прст на неговата десна нога. 24 Потоа Мојсеј ги доведе Ароновите синови, па им стави од истата крв на крајот на нивното десно уво, на палецот на десната рака и на големиот прст на десната нога. 25 Па ги зеде: лојот, опашката, лојот што беше околу внатрешноста, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и нивниот лој - и десната плешка; 26 а од кошницата со пресни бесквасни лебови, што стоеше пред Господа, зеде една бесквасна погача, една кора со масло и еден колак и ги постави врз лојот и десната плешка. 27 Сето тоа го положи во Ароновите раце и во рацете на неговите синови, па го принесе тоа како вртен принос пред Господа. 28 И Мојсеј пак го зеде тоа од нивните раце и го изгоре на жртвеникот со паленицата; тоа беше жртва за посветување, за пријатен мирис, палена жртва на Господа. 29 Најпосле Мојсеј ги зеде градите и ги принесе како движен принос пред Господа: тоа беше Мојсеев дел од овенот за посветување, како што Господ му заповеда на Мојсеја. 30 Потоа Мојсеј зеде масло за помазание и од крвта што беше на жртвеникот, па ги попрска Арона и неговите облеки, а така и неговите синови и нивните облеки. Така ги посвети Арона и неговите облеки; неговите синови и нивните облеки. 31 Тогаш Мојсеј им рече на Арона и на неговите синови: „Сварете го месото при влезот на Шаторот на средбата и јадете го таму со лебот што е во кошницата за жртвата за посветување, како што наредив: нека го јадат Арон и неговите синови! 32 А што ќе остане од месото и од лебот, изгорете го во оган. 33 Седум дни не одете си од влезот на Шаторот на средбата до денот кога ќе се исполни времето за вашето посветување. Зашто се потребни седум денови за вашето посветување. 34 Како што се правеше денес, Господ нареди да се работи така и натаму за ваше покривање на гревот. 35 Затоа останете при влезот на Шаторот на средбата седум дни, дење и ноќе вршејќи што наредил Господ, за да не изумрете. Јас добив таква заповед.” 36 Арон и неговите синови направија сè што нареди Господ преку Мојсеја.
1 На осмиот ден Мојсеј ги повика Арона и неговите синови и израелевите старешини, 2 и му рече на Арона: „Земи едно теле за жртва за грев и еден овен за паленица, двата без недостаток, и принеси ги пред Господа. 3 А на синовите Израелеви речи им вака: ‘Земете еден јарец за жртва за грев, теле и јагне годиначе, без недостаток, за паленица; 4 а јунец и овен за помирителна жртва за да ги жртвувате пред Господа; најпосле лебен принос, замесен со масло; зашто Господ ќе ви се јави денес.’” 5 Тие доведоа пред Шаторот на средбата што им нареди Мојсеј; сета заедница истапи напред и застана пред Господа. 6 „Ова е повелбата - рече Мојсеј - што Господ ја даде. Извршете ја, за да ви се покаже Господовата слава.” 7 Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Пристапи кон народот, принеси ја твојата жртва за грев и твојата паленица; и направи покривање на гревот за себеси и народот, и принеси принос од народот, и направи покривање на гревот за него, како што Господ нареди.” 8 Арон му пристапи на жртвеникот и закла теле како жртва за својот сопствен грев. 9 Ароновите синови му донесоа крв, па го накваси својот прст во крвта и ја стави врз роговите на жртвеникот. Потоа ја излеа другата крв во подножјето на жртвеникот. 10 А лојот, бубрезите и мрежичката на црниот дроб од жртвата за грев ги изгоре на жртвеникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 11 Месото и кожата ги изгоре во оган надвор од логорот. 12 И закла паленица, од која Ароновите синови му ја подадоа крвта. Тој со неа го попрска жртвеникот од сите страни. 13 Му ја дадоа и паленицата, дел по дел, а така и главата, и тој ја изгоре на жртвеникот. 14 Ги изми внатрешноста и нозете, па и нив ги изгоре на жртвеникот над паленицата. 15 Потоа принесе принос од народот. Го зеде јарецот за грев што е за народот, го закла и го принесе како жртва за грев, како и поранешната. 16 И принесе паленица и ја принесе според уставот. 17 И принесе лебен принос, ја наполни раката од него и го изгоре на жртвеникот врз утринската паленица. 18 Потоа закла јунец и овен како помирителна жртва од народот. Ароновите синови му ја подадоа крвта, а тој го попрска жртвеникот од сите страни; 19 му го дадоа и лојот од јунецот и од овенот, опашката, лојот околу внатрешноста, бубрезите и мрежичката на црниот дроб. 20 Откако го положи лојот на градите, го изгоре на жртвеникот. 21 А градите и десната плешка ги принесе како вртена жртва пред Господа, како што нареди Мојсеј. 22 А Арон ги подигна своите раце кон народот и го благослови. Откако ги принесе: жртвата за грев, паленицата и помирителната жртва, слезе. 23 Потоа Мојсеј и Арон влегоа во Шаторот на средбата. Кога излегоа го благословија народот. Господовата слава му се покажа на целиот народ. 24 Оган излезе од пред Господа и ги изгоре паленицата и лојта. Целиот народ го виде тоа, воскликна од радост и падна на своето лице.
1 Ароновите синови Надав и Авиуд ја зедоа секој својата кадилница; ставија оган во нив и положија темјан во него, за да принесат пред Господа туѓ оган, што Тој не им го заповеда. 2 Но излезе оган од пред Господа и ги изгоре, и тие умреа пред Господовото лице. 3 Тогаш Мојсеј му рече на Арона: „Тоа е она за што зборуваше Господ, кога рече: ‘Свет ќе Сум преку оние кои Ми се приближуваат и ќе се прославам пред целиот народ.’” Арон молчеше. 4 Мојсеј ги повика Мисаил и Елисафан, синовите на Ароновиот дедо Озил, па им рече: „Дојдете и однесете ги вашите браќа од пред Светилиштето во поле надвор од логорот!” 5 Тие дојдоа и ги однесоа во нивните кошули во полето надвор од логорот, како што рече Мојсеј. 6 Мојсеј им рече на Арона и на неговите синови Елеазар и Итамар: „Не си ги откривајте вашите глави, ниту кинете си ги облеките, за да не загинете и за да не се налути Тој на целото општество. Но вашите браќа и сиот Израелев дом можат да плачат за оние што Господовиот оган ги изгоре. 7 И не излегувајте од влезот на Шаторот на средбата, за да не умрете вие, зашто врз вас е елејот на Господовото помазание.” Тие направија според Мојсеевото слово. 8 Господ му рече на Арона: 9 „Кога ќе влегувате во Шаторот на средбата, не пијте вино ниту опоен пијалак, ниту ти ниту твоите синови со тебе! Така нема да загинете. Тоа е постојан закон за вашите родови; 10 за да можете да го разликувате светото од несветото и нечистото од чистото; 11 за да ги научите Израелевите синови на сите закони што Господ ги даде преку Мојсеја.” 12 Тогаш Мојсеј им рече на Арона и на неговите преживеани синови, Елеазар и Итамар: „Земајте од лебниот принос, што ќе остане од Господовите жртви, и јадете го бесквасно покрај жртвеникот, зашто тоа е најсвето. 13 Јадете го на свето место; зашто тоа е твој дел и дел на твоите синови од Господовите жртви: така ми е наредено. 14 А градите на вртената жртва и плешките на воздигнатата жртва јадете ги: ти и твоите синови и твоите ќерки со тебе, на чисто место; зашто тоа ви е дадено како дел за тебе и како дел за твоите синови од помирителните жртви на Израелевите синови. 15 Плешките на воздигнатиот принос и градите на вртениот принос што се донесуваат заедно со лојот, нека бидат вртени пред Господа; тоа да биде вечна уредба за тебе и за твоите синови со тебе, како што заповеда Господ.” 16 Потоа Мојсеј го побара јарецот за грев, но ете, беше изгорен. Тој се налути на Елеазар и на Итамар, преживеаните Аронови синови, па рече: 17 „Зошто не јадевте жртва за грев на свето место? Зашто таа е најголема светина; и таа ви е дадена за да ги симнувате беззаконијата на општеството и за да се надоместува покривање на гревот. 18 Ете, нејзината крв не беше внесена внатре во Светилиштето, а вие бевте должни да ја јадете на свето место, како што ми беше наредено.” 19 А Арон му рече на Мојсеја: „Ете, тие ги принесоа денес својата жртва за грев и својата паленица пред Господа; и тоа се случи со мене! Ако јас денес ја изедам жртвата за грев, дали ќе Му биде угодно тоа на Господа?” 20 Кога Мојсеј го чу тоа, го одобри.
1 Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2 „Кажете им на Израелевите синови вака: ‘Еве ги животните што од сите четвороношци можете да ги јадете: 3 секое што има копита, но раздвоени копита и што прежива, можете да го јадете. 4 Но овие, иако преживаат или имаат копита, не смеете да ги јадете: камилата, зашто иако прежива, нема раздвоени копита - нечиста е за вас; 5 и зајакот, зашто иако прежива, нема раздвоени копита - нечист е за вас; 6 дивиот зајак, иако прежива, нема раздвоени копита - нечист е за вас. 7 А свињата, иако има копита, не прежива - нечиста е за вас. 8 Не јадете го нивното месо, ниту да се допирате до нивната мрша - тие се нечисти за вас.’ 9 ‘А од сите водни животни можете да ги јадете овие: сè што живее во водата, било во морињата, било во реките, а има перки и лушпи, можете да јадете. 10 А што нема перки и лушпи во морињата и реките - од сè што плива во водата и од сè што живее во водата - се нечисти за вас. 11 Тие нека се нечисти за вас; не јадете го нивното месо и гнасете се од нивните трупови. 12 И така, сè што е во водата а нема перки и лушпи нека е одвратно за вас.’ 13 ‘Од птиците нека ви се одвратни овие и нека не бидат јадени - одвратни се: орелот, орелот стрвник и јастребот; 14 тетребот и соколот од кој и да е вид; 15 гавранот од кој и да е вид; 16 нојот, јастребот кокошкар и галебот; ластовичката од сите видови; 17 бувот, нуркачот, утот; 18 лебедот, неситот и свраката; 19 штркот, чапјата од секој вид; пупунецот и лилјакот.’ 20 ‘Сите крилести бубачки што одат на четири нозе нека ви се нечисти! 21 Од сите тие крилести бубачки што одат на четири нозе, можете да ги јадете само оние што имаат на своите ножиња листови за да скокаат по земјата. 22 Од нив можете да ги јадете: секој вид на скакулците, салемот, арголата и зелените скакулци. 23 А сите други крилести бубачки нека ви се одвратни!’ 24 ‘И од нив ќе станете нечисти: кој и да се допре до нивната пцовисаница нека биде нечист до вечерта; 25 секој што ќе понесе пцовисаница од нив, нека ја испере својата облека и ќе биде сметан за нечист до вечерта; 26 и животните со нераздвоени копита што не преживаат се нечисти за вас, и секој што ќе се допре до нивната мрша, нека биде нечист! 27 Сите четвороножни животни, што одат на шепи, нечисти се за вас. Секој што ќе се допре до нивната мрша, нека биде нечист до вечерта. 28 А оној што ќе ја понесе нивната мрша, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта. Тие се нечисти за вас.’ 29 ‘Од животните што лазат по земјата нека се нечисти за вас овие: невестулката, глушецот и секој вид гуштери; 30 ежот, камелеонот, дождовникот, зелениот гуштер и кртицата. 31 Тие животни, од сите што ползат, се нечисти за вас. Секој што ќе ги допре мртви, нека биде нечист до вечерта. 32 А врз она на што некое од нив ќе падне мртво, нека биде нечисто: било некаков дрвен предмет или облека, или кожа или мев и секоја работа што се употребува. Секој таков предмет нека се накваси во вода и нека остане нечист до вечерта. Тогаш ќе стане чист. 33 Ако падне некое од нив во некаков земјан сад, скрши го; сè е нечисто во него. 34 А ако капне вода од таков сад на некаква храна, што се јаде, ќе биде нечиста. 35 А сè врз кое ќе падне нешто од нивниот труп, нека биде нечисто; ако тоа биде печка или огниште, нека бидат разурнати: нечисти се за вас и нека бидат нечисти за вас. 36 А изворот или водособиралиштето што држи вода нека бидат сметани за чисти. Но кој ќе допре мрша на животно, нека е нечист. 37 И ако нешто од нивната мрша падне на житно семе што ќе биде посеано, тоа останува чисто; 38 но ако семето се накваси со вода, а тогаш падне на него нешто од нивната пцовисаница, нека е нечисто за вас.’ 39 ‘Ако пцовиса некое животно што ви служи за храна, оној што ќе се допре до неговата мрша нека биде нечист до вечерта, 40 а секој што ќе касне од неговата пцовисаница, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта; а кој ќе го понесе неговиот труп, нека ја испере својата облека и нека биде нечист до вечерта.’ 41 ‘Секое животно, што ползи по земјата, е нечисто за вас; нека не се јаде. 42 Ништо што ползи по мевот, ништо што оди на четири нозе или на повеќе нозе - никаков ползач што лази по земјата, не јадете, зашто се одвратни. 43 Немојте да се онечистите сами себеси со сите тие лазачи што ползат; не осквернувајте се со нив, за да не станете и вие нечисти заради нив. 44 Зашто Јас Господ Сум ваш Бог: осветувајте се да бидете свети, зашто Јас Сум свет! Не валкајте ги вашите души ниту со едно животно што ползи по земјата! 45 Да, Јас Сум Господ; ве изведов од Египетската Земја за да ви бидам Бог. И така бидете свети, зашто Јас Сум свет!’ 46 ‘Тоа е закон за добитокот, за птиците и за сите животни, што живеат во водата, и за сите животни што лазат по земјата, 47 за да го разликувате нечистото од чистото; и животните, што можат да се јадат, од животните што не смеат да се јадат.’”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Кажи им на Израелците: ‘Кога некоја жена ќе забремени и ќе роди машко дете, нека биде нечиста седум денови како што е нечиста во времето на својот месечен ред. 3 На осмиот ден детето нека биде обрезано. 4 А таа нека остане уште триесет и три дни, за да се очисти од својата крв; не смее да допира ништо свето, ниту да доаѓа во Светилиштето, додека не се исполни времето на нејзиното очистување. 5 Ако роди женско, нека е нечиста две седмици, како за време на својот месечен ред, и нека остане уште шеесет и шест денови, за да се очисти од својата крв. 6 Кога ќе се исполни времето на нејзиното чистење - било за синче, било за ќеркичка - нека му донесе на свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, едногодишно јагне за паленица и едно гулапче или грлица за жртва за грев. 7 Тој нека го принесе тоа пред Господа и нека ја очисти; и таа ќе биде чиста од течењето на својата крв. Тоа е закон за жена, кога ќе роди било машко било женско чедо. 8 Ако не е во состојба да принесе јагне, тогаш нека земе две грлици или две гулапчиња - едното за паленица, а другото за жртва за грев. Па свештеникот ќе направи да и се покрие гревот и таа ќе биде чиста.’”
1 Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2 „Ако некому му се појави на кожата оток или лишај или дамки; што би било навестување на лепра врз кожата на неговото тело; таквиот нека биде доведен при свештеникот Арон или при некој од неговите синови - свештеници. 3 Свештеникот нека го прегледа заразеното место на кожата на неговото тело. Ако влакната на заразеното место се побелени, и изгледа дека тоа е подлабоко од кожата на неговото тело, тогаш тоа е лепра. Откако свештеникот ќе го прегледа, нека го прогласи за нечист. 4 Но ако се покаже дека белата дамка на кожата на неговото тело не е подлабоко отколку и кожата, а влакната на неа не побелеани, тогаш свештеникот нека го осами болниот седум денови. 5 Свештеникот нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако утврди со своите очи дека заразата постои уште, но не се шири повеќе по кожата, нека го осами уште седум денови. 6 Нека го прегледа пак на седмиот ден. Ако заразеното место биде помалку забележливо, а болеста не се проширила по кожата, нека го прогласи за чист: тоа е само лишај. Откако ќе ги испере своите облеки, ќе биде чист. 7 Но ако лишајот се прошири по кожата, откако свештеникот го прегледал болниот и го прогласил за чист, нека се јави пак пред свештеникот. 8 Откако свештеникот ќе види дека лишајот се проширил по кожата нека го прогласи за нечист: тоа е лепра.” 9 „Ако се појави лепра на некој, нека го доведат при свештеникот. 10 Свештеникот нека го прегледа. Ако на кожата има бел оток со побелени влакна и со напнат чир, 11 тоа е длабоко вкоренета лепра по кожата на неговото тело. Свештеникот нека го прогласи за нечист и нека го затвори, зашто тој е нечист. 12 Ако лепрата се опсипе по кожата така што ја покрива целата кожа на болниот од главата до нозете - сè што можат да видат свештениковите очи, 13 и свештеникот согледа дека лепрата го покрила целото негово тело, нека го прогласи болниот за чист; зашто сè се претворило во бело; тој е чист. 14 Но во денот кога ќе се појави чир на него, ќе биде нечист. 15 Кога свештеникот ќе го види чирот, нека го прогласи болниот за нечист, тоа е лепра. 16 Но ако чирот се измени во бело, човекот нека дојде кај свештеникот. 17 Свештеникот нека го прегледа: ако раната побелела, свештеникот нека го прогласи болниот за чист - тој е чист.” 18 „Кога некому ќе му се појави чир на кожата и оздравел, 19 и ако таму каде што бил чирот се појави бел оток или местото избледнее и побели, или ако се појави белоцрвеникава дамка, човекот нека му се покаже на свештеникот. 20 Свештеникот нека го прегледа. Ако најде дека кожата е подлабока, а влакната се побелени, свештеникот нека го прогласи за нечист - тогаш тоа е лепра што избувнала од чирот. 21 Ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле тука, дека кожата не е подлабока отколку на друго место, дека местото не темнее, нека го одвои болниот седум дена. 22 Ако му се прошири болеста по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра. 23 Ако дамката остане на местото и не се прошири, тоа е струп од чирот. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист.” 24 „Ако некој има изгореница на кожата, па на изгореното место се појави белоцрвено или бела дамка, 25 свештеникот нека го прегледа тоа. Ако влакната на местото побелат и ако изгледа дека тоа место е подлабоко од кожата, тогаш тоа е лепра што избувна од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи за нечист: тоа е лепра. 26 Но ако свештеникот утврди дека влакната не побелеле, дека местото не е подлабоко од кожата и дека е малку забележливо при тоа, нека го оддели сам седум денови. 27 Нека го прегледа на седмиот ден: ако дамката се проширила по кожата, свештеникот нека го прогласи за нечист - тоа е лепра. 28 Ако дамката остане на местото и не се рашири по кожата, тогаш тоа е оток од изгореницата. Свештеникот нека го прогласи човекот за чист: тоа е струп од изгореница.” 29 „Ако се појави болест на главата или на брадата на некој маж или жена, 30 свештеникот нека ја прегледа болеста. Ако утврди дека е подлабока од кожата и дека таму влакната пожолтеле и се истенчиле, свештеникот нека го прогласи болниот за нечист. Тоа е јадеж, односно лепра на главата или на брадата. 31 Но ако свештеникот, откако го прегледа заболеното место, утврди дека не е подлабоко од кожата и дека таму сепак нема црни влакна, свештеникот нека го отстрани јадежливиот за седум денови. 32 На седмиот ден нека го прегледа: ако јадежот не се проширил ниту влакната пожолтеле, па ако изгледа дека јадежот не е подлабок од кожата, 33 болниот нека се избричи - но местото на јадежот нека не го бричи - и свештеникот нека го отстрани за други седум денови. 34 На седмиот ден свештеникот нека го прегледа пак јадежливото место. Ако јадежот не се проширил по кожата, и изгледа дека не е подлабок од кожата, свештеникот нека го прогласи болниот за чист. Тој нека ја испере својата облека и ќе биде чист. 35 Ако се прошири јадежот по кожата откако беше прогласен за чист, 36 свештеникот нека го прегледа повторно. Ако јадежот се проширил по кожата - свештеникот веќе и нека не бара жолти влакна - болниот е нечист. 37 Но ако забележи дека јадежот застана и дека никнаа црни влакна, јадежот е заздравен - тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист.” 38 „Ако на кожата на некој маж или жена се појават пеги, па ако се тие пеги бели, 39 свештеникот нека ги прегледа. Ако пегите по кожата бидат темнобели, тогаш тоа се лишаи што избувнале по кожата: болниот е чист.” 40 „Ако некому му испаѓа косата од главата; тој е ќелав; тој е чист. 41 Ако му испаѓа косата однапред на главата, тој е ќелав на челото, но е чист. 42 Но ако на ќелавоста или однапред од челото се појави црвенобела болест, тоа е лепра што избувнала на неговата ќелавост или однапред од челото. 43 Свештеникот нека го прегледа. Ако утврди дека дамките се - на ќелавоста или однапред од челото - белоцрвени, на изглед како и лепрата по кожата на телото; 44 човекот станал лепрозен, нечист е. Свештеникот треба да го прогласи за нечист - лепрата му е на главата.” 45 „Оној што ќе стане лепрозен, нека носи распарана облека; косата нека му е непокриена; тој е должен да биде покриен до горната усна и да вика: ‘Нечист! Нечист!’ 46 Сè додека е болеста на него нека биде нечист; тој е нечист; нека живее насамо: неговиот дом нека биде надвор од живеалиштето.” 47 „Кога заразата на лепрата се појави на облеката, било на волнена било на ленена, 48 или на основа или на потка од лен или од волна; или на кожа, или на каков и да е кожен предмет; 49 па ако дамките на облеката или на кожата, на основата или на потката, или на каков и да е кожен предмет, биде зеленикаво или црвеникаво, тоа е лепра; па нека му се покаже на свештеник. 50 Свештеникот, откако ќе прегледа што е заразено, нека го стави тоа настрана за седум дена. 51 А на седмиот ден нека ја прегледа заразата. Ако заразата се проширила по облеката, по основата или потката, или по кожата, или по каков и да е кожен предмет, тоа е заразна лепра. Работата е нечиста. 52 Таа облека - било основата било потката, од волна или од лен, или некаквиот кожен предмет за кого заразата се прилепила - се заразила со лепра, нека се изгори во оган.” 53 „Но ако свештеникот види дека заразата не се проширила по облеката - ни по основата ни по потката, ниту по каков и да е предмет од кожа, 54 тогаш нека нареди да биде испрана заразената работа. Потоа нека ја остави повторно насамо седум денови. 55 А ако свештеникот, откако работата била испрана, забележи дека заразеното место не се изменило, сепак, иако болеста не се раширила, работата е нечиста. Нека биде изгорена во оган: гнила е и внатре и однадвор.” 56 „Ако свештеникот забележи дека болеста се намалува по перењето, нека го отсече тоа место, било да е тоа на облеката или на кожата, на основата или на потката. 57 Ако се појави пак на облеката или на кожата, на основата или на потката, или на каков и да е кожен предмет, тогаш тоа е зараза, и заразениот предмет нека биде изгорен во оган. 58 Но ако болеста ја снема од облеката - од основата или од потката - или од каков и да е кожен предмет откако бидат испрани; нека бидат испрани повторно и ќе бидат чисти.” 59 „Тоа е закон за болеста лепра на облека од волна или од лен - на основата или на потката - или на каков и да е предмет од кожа, за да бидат прогласени за чисти или за нечисти.”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Ова нека ви биде закон за лепрозниот во денот на неговото очистување: нека биде доведен при свештеникот; 3 свештеникот нека излезе надвор од логорот и нека го изврши прегледот. Ако утврди дека лепрозниот оздравел од лепрата, 4 нека нареди да се земат, за човекот што се очистува: две птици, чисти и живи, кедрово дрво, црвено предено и босилек. 5 Потоа свештеникот нека нареди да биде заклана едната птица над жива вода во глинен сад. 6 Потоа нека ја земе живата птица, а тогаш нека ги натопи заедно: кедровото дрво, црвената волна и босилекот во крвта на птицата, заклана над живата вода. 7 И нека го попрска седум пати оној, кој се очистува од лепрата и нека го прогласи за чист, а живата птица нека ја пушти во полето. 8 Очистуваниот нека ја испере својата облека, нека ги истриже сите свои влакна, нека се искапе во вода и ќе биде чист. Потоа нека влезе во логорот, но нека живее седум дена надвор од својот шатор. 9 На седмиот ден нека ги избричи сите свои влакна: косата, брадата и веѓите; нека ги избричи сите други свои влакна. Откако ќе ја испере својата облека и откако ќе го измие своето тело во вода, ќе биде чист.” 10 „На осмиот ден нека земе: две машки јагниња, без недостаток, едно женско јагне годиначе, исто така без недостаток, три десетини ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, и една мерка масло. 11 Свештеникот што го врши очистувањето нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата, со човекот, кој треба да се очисти. 12 Потоа свештеникот нека земе едно машко јагне, па нека го принесе, со една мерка масло, како жртва за престап. Нека ги принесе пред Господа како движен принос. 13 Нека го заколе јагнето таму каде што се колат жртвите за грев и палениците - на светото место; зашто приносот за престап и приносот за грев му припаѓаат на свештеникот: тоа е пресвето. 14 И свештеникот нека земе од крвта на жртвата за престап и нека му стави на крајот од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога. 15 Потоа свештеникот нека земе елеј од чашата и нека го излие во дланот на левата рака. 16 Откако свештеникот ќе го стави својот десен прст во елејот што е во левата дланка, нека изврши, со елејот од својот прст, прскање пред Господа седум пати. 17 Од елејот што ќе му остане во дланката, свештеникот нека ги помаже, врз крвта од приносот за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува. 18 А останатиот елеј, што е во дланката на свештеникот, нека го положи на главата на очистуваниот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот за него, пред Господа. 19 Потоа свештеникот нека принесе жртва за грев за да се покрие гревот на тој кој се очистува; после тоа нека ја заколе паленицата. 20 И свештеникот ќе ги положи паленицата и лебниот принос на жртвеникот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот и ќе биде чист.” 21 „Ако е беден па не може да го набави тоа, нека земе само едно машко јагне за жртва за престап за вртење, за да се покрие неговиот грев, и една десетина ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, една мерка масло, 22 и две грлици или две гулапчиња - според неговите можности - едното за принос за грев, а другото за паленица. 23 На осмиот ден на своето очистување нека ги донесе кај свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, пред Господа. 24 Свештеникот нека ги земе јагнето за приносот за престап и едната мерка елејот, па нека ги принесе пред Господа како вртена жртва. 25 Таму нека биде заклано јагнето на приносот за престап; а свештеникот нека земе крв од него и со неа нека ги намачка: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на очистуваниот. 26 Потоа свештеникот нека налее елеј во својата лева дланка. 27 А тогаш, со елејот што му е во дланката на левата рака, нека изврши прскање, седум пати, со прстот на својата десна рака, пред Господа. 28 Од елејот во својата дланка свештеникот нека ги помаже, врз крвта на жртвата за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува. 29 А остатокот од елејот, во неговата дланка, свештеникот нека го положи на главата на очистуваниот, за да го покрие гревот пред Господа. 30 Па нека принесе една од двете грлици или едното од двете гулапчиња - што можеше да ги набави - 31 како жртва за грев, а другата како паленица заедно со лебен принос. Свештеникот нека направи да се покрие гревот пред Господа на оној, кој се очистува. 32 Тоа е закон за заразен со лепра, кој не може да се снабди со сè за своето очистување.” 33 Господ им рече на Мојсеја и Арона: 34 „Кога ќе влезете во Ханаанската Земја што ќе ви ја дадам во наследство, и кога ќе пуштам лепра на некоја куќа во земјата што ќе ја заземете, 35 тогаш оној чија е куќата нека дојде кај свештеникот и нека рече: ‘Ми се чини дека мојот дом е заразен со лепра.’ 36 Свештеникот нека нареди да биде испразнета куќата, пред тој да дојде да ја прегледа куќата, за да не биде прогласено за нечисто сè што е во куќата; потоа свештеникот нека влезе да ја прегледа куќата. 37 Ако по прегледот забележи дека заразата на куќните ѕидови се состои од зеленкасти или црвенкасти вдлабнатини и ако му се стори дека се спуштаат подлабоко од поврвнината на ѕидот, 38 свештеникот нека излезе од домот низ куќната врата и нека ја затвори куќата за седум дена. 39 На седмиот ден свештеникот нека дојде повторно и нека ја прегледа; ако заразата се проширила по ѕидовите на куќата, 40 свештеникот нека нареди да се извадат заразените камења и да бидат исфрлени на некое нечисто место надвор од градот. 41 Потоа нека заповеда да се истружат сите внатрешни ѕидови на куќата и иструганиот прав да биде фрлен на некое нечисто место надвор од градот. 42 Па нека земат други камења и нека ги вметнат место оние камења. И нека земат друга вар и нека ја варосаат куќата повторно.” 43 „Ако заразата се појави пак, откако беа извадени камењата, а куќата истругана и пак варосана, 44 свештеникот нека отиде да прегледа: ако заразата се раширила по куќата, тогаш тоа е заразна лепра; куќата е нечиста. 45 Домот нека биде урнат, а неговите камења, неговите дрвени делови и сета вар нека бидат однесени надвор од градот на некое нечисто место. 46 Кој ќе влезе во куќата додека е затворена нека биде нечист до вечерта. 47 Кој ќе спие во куќата, треба да ја испере својата облека. И кој ќе јаде во куќата, треба да ја испере својата облека.” 48 „Ако свештеникот дојде и види дека заразата не се раширила по куќата, откако куќата беше варосана повторно, свештеникот нека ја прогласи куќата за чиста, зашто заразата ја нема. 49 А за очистување на куќата нека земе: две птици, кедрово дрво, црвено предено и босилек. 50 Нека заколе една од птиците над жива вода во глинен сад. 51 Потоа нека ги земе: кедровото дрво, босилекот, црвената нишка и живата птица и нека ги накваси во крвта на закланата птица и во живата вода, па нека ја попрска куќата седум пати. 52 Откако ќе ја очисти така куќата со крвта на птицата, со живата вода, со живата птица, со кедровото дрво и со црвената нишка, 53 нека ја пушти живата птица надвор од градот во полето; и ќе го очисти домот, и ќе биде чист.” 54 „Тоа е закон за секаков вид лепра и јадеж, 55 за лепра на облека или на куќа, 56 за оток, лишаи или дамки, 57 за да покажува кога е тоа нечисто, а кога е чисто. Тоа е закон за лепрата.”
1 Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2 „Зборувајте им на Израелевите синови и речете им: ‘Кога некој човек има излив од своето тело, неговиот излив е нечист. 3 Еве во што е неговата нечистота ако го има изливот: ако неговото тело го пушти изливот или го задржи - тој е нечист. 4 Секоја постела на која ќе легне оној што има излив нека е нечиста; и секој предмет на кој ќе седне нека е нечист. 5 А секој што ќе ја допре неговата постела, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 6 Кој што ќе седне на предмет на кој седеше оној, кој имал излив, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. 7 Кој ќе се допре до телото на оној што имал излив, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. 8 Ако оној што имал излив плукне на некој што е чист, тој нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 9 И секое седло на кое ќе седне оној што има излив, нека биде нечисто до вечерта; 10 и секој што ќе се допре до нешто што било под него, нека биде нечист до вечерта. 11 А секој кого ќе го допре, со неизмиени раце, оној што има излив, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 12 Глинениот сад што ќе биде допрен од оној со изливот нека биде скршен, а секој дрвен сад нека биде измиен со вода.’ 13 ‘Кога ќе се очисти од тоа, оној што има излив, тогаш нека изброи седум дена за своето очистување; нека ја испере својата облека и нека се искапе во жива вода, и нека биде чист. 14 На осмиот ден пак нека земе две грлици или две гулапчиња, нека дојде пред Господа при влезот во Шаторот на средбата, па нека му ги предаде на свештеникот. 15 Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев, а другото како паленица. И свештеникот ќе направи покривање на гревот, пред Господа, од неговиот излив.’ 16 ‘Кога човекот има семеизлив, нека го искапе во вода целото свое тело и нека остане нечист до вечерта. 17 Секоја облека и секоја кожа на која ќе падне таков семеизлив нека биде испрана во вода и нека остане нечиста до вечерта. 18 Ако некоја жена легне со својот маж и тој исфрли семе, нека се искапат и нека бидат нечисти до вечерта.’ 19 ‘Кога жената има крварење, излив на крв од своето тело, нека остане во својата нечистота седум дена; кој ќе ја допре неа, нека биде нечист до вечерта. 20 На што и да легне, за време на својата нечистота, нека е нечисто; на што и да седне, нека е нечисто. 21 Кој ќе ја допре нејзината постела, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 22 Кој ќе допре било каков предмет на кој што седела таа, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека остане нечист до вечерта. 23 А ако се допре до нешто што било на нејзината постела или на предметот на кој што седела таа, нека е нечист до вечерта. 24 Ако некој маж преспие со неа, нејзината нечистота се прилепува до него, и нека биде нечист седум дена. Секоја постела на која ќе легне тој, нека е нечиста.’ 25 ‘Ако жената има крварење подолго време надвор од својот месечен ред, или ако нејзиниот месечен ред продолжува, нека биде сметана за нечиста за цело време на крварењето, како да се денови на нејзиниот месечен ред. 26 Секоја постела на која ќе легне, за сето време на нејзиното крварење, ќе и биде како и постелата за време на нејзиниот месечен ред. И секој предмет на кој ќе седне нека стане нечист како што би бил нечист за време на нејзиниот месечен ред. 27 А секој што ќе ги допре нека биде нечист; нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. 28 Ако оздрави од своето крварење, нека изброи седум дена, и потоа нека биде чиста. 29 На осмиот ден нека земе две грлици или две гулапчиња па нека му ги донесе на свештеникот при влезот во Шаторот на средбата. 30 Свештеникот нека ги принесе: едното како принос за грев, а другото како паленица. И свештеникот ќе направи да и се покрие гревот пред Господа, од нејзиното нечисто крварење.’ 31 ‘Така одделувајте ги Израелците од нивните нечистотии, за да не изумрат заради нив, обесветувајќи го Мојот Шатор што се наоѓа среде нив.’ 32 ‘Тоа е закон за човек, кој има излив; за оној кого семеизливот го прави нечист; 33 за жена во време на нечистотата на нејзиниот месечен ред; за секого - било машко било женско - што ќе има излив, а така и за оној што ќе преспие со нечиста од крварење.’”
1 По смртта на двајцата Аронови синови, кои загинаа принесувајќи му на Господа непосветен оган, Господ му проговори на Мојсеја: 2 Господ му рече на Мојсеја: „Кажи му на брата си Арона да не влегува во секое време во Светилиштето зад завесата, пред Очистилиштето, што е врз ковчегот за да не загине. Зашто Јас ќе се појавувам над Капакот во облак. 3 Арон нека влегува во Светилиштето вака: со јунец за принос за грев и со овен за паленица. 4 Нека се облече во осветен ленен хитон-кошула; нека облече ленени гаќи на своето тело; нека се препаше со ленен појас, а на главата нека стави ленена митра-капа. Тоа се свети облеки, што ќе ги облече откако ќе се искапе во вода. 5 И нека прими од Израелевата заедница: два јарци за принос за грев и еден овен за паленица.” 6 „Откако Арон ќе го принесе јунецот за принос за грев за себе и ќе направи покривање на гревот за себеси и својот дом, 7 нека ги земе двата јарци и нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата. 8 Арон нека фрли жрепка за двата јарци и нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање. 9 Арон нека го принесе за жртва за грев јарецот, на кого жрепката падна да биде Господов. 10 А јарецот на кого жрепката падна да биде за отпуштање, нека биде поставен жив пред Господа, за да биде извршено покривање на гревот со него и за да биде испратен во пустината за отпуштување, (и за да ги понесе на себе нивните безаконија во непроодна земја). 11 „Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе. 12 Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата. 13 Сега нека го стави темјанот во огнот пред Господа, за димот од темјан да го покрие Капакот над Сведоштвото. Така нема да загине. 14 Потоа нека земе крв од јунецот и нека ја попрска, со својот прст, источната страна на Капакот; а пред Капакот нека попрска со својот прст седум пати со крвта. 15 Потоа нека го заколе јарецот за принос за грев за народот; нека ја внесе неговата крв зад завесата и нека направи со неговата крв како што сторил со крвта од јунецот: нека попрска со неа по Капакот и пред него. 16 И ќе го покрие од грев Светилиштето заради нечистотиите на Израелевите синови и од нивните престапи, во сите нивни гревови. А така нека направи и за Шаторот на средбата што се наоѓа среде нив, меѓу нивните нечистотии. 17 Кога тој ќе влезе да го очистува Светилиштето, нека нема никој друг во Шаторот на средбата додека не излезе тој. Откако ќе го изврши очистувањето за себе, за својот дом и за целото Израелско општество, 18 нека отиде кон жртвеникот што се наоѓа пред Господа и нека го очисти, па нека земе крв од јунецот и крв од јарецот и нека ја положи на роговите на жртвеникот од сите страни. 19 Нека го попрска жртвеникот, со својот прст, од истата крв седум пати. Така ќе го очисти, и ќе го освети, од нечистотиите на Израелевите синови.” 20 „Кога ќе го сврши очистувањето на Светилиштето, Шаторот на средбата и жртвеникот, нека го приведе живиот јарец. 21 Арон нека ги стави своите раце на главата на живиот јарец и нека ги исповеда над него сите беззаконија на Израелците, сите нивни престапи и сите нивни гревови. Откако ќе ги положи така на главата на јарецот, нека го испрати во пустината преку раката на определениот човек за тоа. 22 Така јарецот ќе ги однесе со себе сите нивни беззаконија во непроодна земја и тој нека го пушти јарецот во пустина.” 23 „А Арон нека влезе во Шаторот на средбата, нека ги соблече од себе ленените облеки, во кои беше облечен кога влегуваше во Светилиштето, и нека ги остави таму. 24 Потоа нека го измие своето тело со вода на свето место и нека ја облече на себе својата облека, па нека излезе за да ги принесе: својата жртва паленица и паленицата на народот и ќе се очисти себеси, и народот. 25 А лојот од жртвата за грев нека го изгори на жртвеникот. 26 Оној кој го одведе јарецот на отпуштање нека ја испере својата облека, нека го измие своето тело во вода, и потоа пак може да влезе во логорот. 27 А јунецот за грев и јарецот за грев, чија крв беше внесена во Светилиштето за покривање на гревот, нека ги изнесат надвор од логорот па нека ги изгорат во оган нивните кожи, нивното месо и нивната нечистота. 28 Кој ќе ги гори, нека ја испере својата облека, нека го искапе своето тело во вода, и после тоа пак може да дојде во логорот.” 29 „Овој закон нека биде вечен за вас: во седмиот месец, на десеттиот ден на месецот, смирете ги вашите души и не вршете никаква работа: ни домородецот ни странецот, кој е населен меѓу вас. 30 Зашто на тој ден ќе биде извршено над вас покривање на гревовите, за да бидете чисти, пред Господа, од сите ваши гревови. 31 Нека ви биде тоа саботна починка, за да ги успокоите вашите души. Тоа е вечен закон. 32 Покривањето на гревовите нека го изврши оној свештеник, кој е помазан и посветен за вршење на свештеничка служба место татка си. Нека се облече во ленени облеки - свети облеки. 33 Тој нека направи очистување на Светилиштето, очистување на Шаторот на средбата и жртвеникот; и нека ги очисти свештениците и целото народно општество. 34 Така, ова нека биде за вас вечен закон: еднаш годишно да бидат очистувани Израелевите синови од сите нивни гревови.” Тој направи како што Господ му нареди на Мојсеја.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Говори им на Арона, на неговите синови и на сите Израелеви синови и речи им: ‘Еве што заповеда Господ: 3 „Секој оној од Израелевиот дом кој - во логорот или надвор од логорот - заколе вол, или овца, или коза, 4 а не го донесе при влезот во Шаторот на средбата за да Му принесе дар на Господа пред Шаторот Господов, секој таков нека биде виновен: пролеал крв, и нека биде истребен од својот народ. 5 Затоа Израелевите синови нека ги доведат своите жртви, што сакаат да ги колат надвор, во полето, при влезот на Шаторот на средбата, кај свештеникот, и нека ги принесат како помирителни жртви. 6 Свештеникот нека ја излее крвта врз Господовиот жртвеник што се наоѓа при влезот во Шаторот на средбата, а лојот нека го изгори за благоугоден мирис на Господа, 7 така што во иднина не ќе им ги принесуваат своите жртви на бесовите со кои блудствуваат. Ова нека е вечен закон за нив и за нивните поколенија.”‘ 8 „И уште речи им: ‘Секој поединец од Израелевиот дом, или странец кој живее меѓу вас, кој ќе принесе паленица или жртва, 9 а не ја приведе при влезот во Шаторот на средбата за да Му биде принесена на Господа, тој нека биде истребен од својот народ.’ 10 ‘Натаму, Јас ќе се свртам против секој поединец од Израелевиот дом, а така и против секој придојденец меѓу вас, кој би јадел каква и да е крв, ќе го отстранам од неговиот народ секој што ќе јаде крв. 11 Зашто животот на телото е во крвта. Таа крв ви ја дадов вам за жртвеникот, за да ги покривате од грев вашите души, зашто оваа крв прави покривање на гревот за душата.’ 12 Затоа им реков на Израелците: ‘Никој од вас нека не јаде крв; нека не јаде ни странецот, кој живее меѓу вас.’ 13 Ако некој од Израелевите синови или странец што живее меѓу вас, фати во лов ѕвер или птица што може да се јаде, нека и ја пролее крвта и нека ја покрие со земја.” 14 „Зашто животот на секое тело е неговата крв; таа е животот; затоа и им реков на Израелците: ‘Не смеете да јадете крв од ниедно тело, зашто животот на секое тело е неговата крв.’ Секој што ќе јаде, ќе биде истребен. 15 Секој, Израелец или странец, кој би јал пцовисано, или раскинато од ѕверови, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и нека биде нечист до вечерта. Тогаш ќе стане чист. 16 Но ако не ја испере и ако не го искапе своето тело, нека го понесе на себе своето беззаконие.”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Јас Сум Господ, ваш Бог. 3 Не правете како што се прави во Египетската Земја, каде престојувавте; ниту правете како што се прави во Ханаанската Земја, каде ве водам; не поведувајте се по нивните обичаи! 4 Исполнувајте ги Моите закони; исполнувајте ги Моите заповеди; одете според нив. Јас Сум Господ, ваш Бог. 5 Затоа, пазете ги Моите закони и Моите наредби: кој ќе ги исполнува, ќе биде жив. Јас Сум Господ!’ 6 ‘Никој од вас нека не и се доближува на крвна роднина, за да ја открие нејзината голота. Јас Сум Господ! 7 Не откривај ја голотата на татка ти ни голотата на мајка ти. Мајка ти е, не ја откривај нејзината голота. 8 Не ја откривај голотата на жената на татка ти; тоа е голота на твојот татко! 9 Не ја откривај голотата на сестра си - на ќерката на татка ти или на ќерката на мајка ти - било да е родена во куќата или надвор од неа! 10 Не ја откривај срамотата на ќерката на твојот син, ниту на ќерката на твојата ќерка! Па нивната срамота е твоја сопствена срамота. 11 Не откривај ја голотата на ќерката на жената на татка ти! Зашто, родена од татка ти, таа ти е сестра. 12 Не откривај ја голотата на сестрата на твојот татко! Па таа е крв на татка ти. 13 Не откривај ја ни срамотата на сестрата на мајка ти! Па и таа е крв на твојата мајка! 14 Не откривај ја срамотата на татковиот брат! И не приближувај и се на неговата жена; таа е твоја стрина. 15 Не откривај ја голотата на твојата снаа! Таа е жена на сина ти. Не ја откривај нејзината голота. 16 Не ја откривај голотата на жената на твојот брат! Тоа е голота на брата ти. 17 Не ја откривај голотата на некоја жена и на нејзината ќерка! Не жени се со ќерката на нејзиниот син, ниту со ќерката на нејзината ќерка, за да им ја откриеш голотата; тие и се еднокрвни; тоа е беззаконие. 18 Не земај за себе некоја жена заедно со сестра и, за да и ја направиш соперничка; за да и ја откриеш преку неа, голотата, додека оваа е жива.’ 19 ‘Не приближувај и се на жена кога е во нечистотата на својот месечен ред, за да и ја откриеш голотата! 20 Не легнувај со жената на твојот ближен; ќе се онечистиш со неа. 21 Не дозволувај некое твое дете да му биде жртвувано на Молоха; не го обесчестувај името на твојот Бог. Јас Сум Господ! 22 Не легнувај со маж како што се легнува со жена, тоа е гнасно и одвратно. 23 Да не си легнал ниту со некое животно, ќе се онечистиш од него. И жената не смее да застане пред животно, за да се спари со него. Тоа е гнасно и бесрамно.’ 24 ‘Не се онечистувајте со ништо од тоа! Со сè тоа се онечистуваат народите, што Јас ги гонам пред вас. 25 И земјата стана нечиста. Затоа ќе ја казнам за нејзините гревови, па земјата ќе ги изблува своите жители. 26 Вие пак пазете ги Моите заповеди и Моите закони: не правете ниту едно од тие гнасни нешта - ни вие ни странецот, што живее меѓу вас. 27 Зашто сите тие гнасотии ги правеа луѓето на оваа земја, што е пред вас; и земјата стана загадена; 28 за да не ве изблува и вас земјата од себе, кога вие ќе почнете да ја загадувате, како што таа ги изблува народите, кои беа пред вас. 29 Ако некој ги прави сите тие гадости; душите на тие кои го прават тоа ќе бидат истребени од својот народ. 30 Затоа пазете ги Моите повелби, за да не постапувате според гнасните обичаи, според кои постапуваа пред вас, и за да не се онечистите со нив. Јас Сум Господ, ваш Бог!’”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Зборувај му на целото општество на Израелевите синови и речи им: ‘Бидете свети, зашто Сум свет Јас Господ, ваш Бог! 3 Бојте се секој од својата мајка и од својот татко; и пазете ги Моите саботи; Јас Сум Господ, ваш Бог! 4 Не обратувајте им се на идолите и не правете си леани богови. Јас Сум Господ, ваш Бог!’ 5 ‘Кога ќе Му принесувате на Господа помирителна жртва, принесете ја така за да биде примена. 6 Изедете ја на денот на принесувањето или утреден. Што ќе остане за задутре нека биде изгорено во оган. 7 Ако се јаде од неа на третиот ден, ќе биде одвратно; а жртвата нема да биде примена. 8 А кој ќе јаде нека ги понесе последиците од гревот; зашто тој ја онечистил Господовата светина; таквиот нека биде истребен од својот народ!’ 9 ‘Кога ќе жниете жетва во вашата земја, не дожневајте ги до крај вашите ниви; ниту собирајте ги класовите по вашата жетва. 10 Не бери го повторно твоето лозје; не собирај ги паднатите зрна во твоето лозје; туку остави ги за бедните и за странецот! Јас Сум Господ, ваш Бог.’ 11 ’Не крадете; не лажете го и не мамете го својот ближен. 12 Не колнете се лажно во Моето име и не осквернувај го името на твојот Бог. Јас Сум Господ! 13 Не искористувај го твојот ближен, ниту го ограбувај! Платата на наемникот нека не остане кај тебе до утрото. 14 Не проколнувај го глувиот, ниту ставај пречка пред слепиот. Бој се од твојот Бог! Јас Сум Господ!’ 15 ‘Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот: суди му по правда на твојот ближен! 16 Не разнесувај клевети меѓу твојот народ и не станувај против животот на твојот ближен. Јас Сум Господ!’ 17 ‘Не мрази го твојот брат во твоето срце! Должност ти е да го кориш твојот ближен, така не ќе паднеш во грев заради него. 18 Не се одмаздувај и немај злоба кон синовите на твојот народ. Љуби го својот ближен како себеси. Јас Сум Господ!’ 19 ‘Пазете ги Моите заповеди! Не оставај го твојот добиток да се спарува со друг вид. Не засевај ја твојата нива со два вида семе. Не облекувај се во облека од два вида ткаенина.’ 20 ‘Ако некој преспие со робинка, која е свршена за друг, но уште не е откупена ниту и е дадена слободата: треба да бидат казнети, но не со смрт, зашто таа не е слободна. 21 Тој нека Му принесе на Господа, при влезот во Шаторот на средбата, принос за престап, овен како жртва за својот престап. 22 И свештеникот ќе направи да му се покрие гревот, пред Господа, со овенот за престап од сторениот грев, и ќе му биде простен гревот што го направил.’ 23 ‘Кога ќе влезете во земјата и кога ќе засадите каква и да е овошка, сметајте ги нејзините плодови за необрезани. Три години нека ви бидат необрезани: не јадете ги. 24 На четвртата година нека бидат посветени сите нејзини плодови на Господовите празнувања. 25 А на петтата година јадете го нејзиниот плод и собирајте го нејзиниот род. Јас Сум Господ, ваш Бог!’ 26 ‘Не јадете со крв! Не вражајте и не гатајте! 27 Не стрижете ја косата на вашите глави кружно и не стрижете го крајот на вашите бради. 28 Не врежувајте засеци на вашето тело за покојник; ниту засечувајте некакви знаци на себе. Јас Сум Господ!’ 29 ‘Не осквернувај ја твојата ќерка, дозволувајќи и да блудствува; за да не блудствува земјата и за да не се наполни земјата со разврат. 30 Пазете ги Моите саботи, почитувајте го Моето Светилиште. Јас Сум Господ!’ 31 ‘Не обратувајте им се на повикувачите на духови и на волшебниците. Тие би ве онечистиле. Јас Сум Господ, вашиот Бог!’ 32 ‘Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот; бој се од твојот Бог. Јас Сум Господ!’ 33 ‘Ако странец се насели во вашата земја, не угнетувајте го, 34 Туѓинецот, кој престојува со вас, нека ви биде како ваш сонародник; љуби го како себеси; зашто и вие бевте странци во Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог!’ 35 ‘Не правете неправда во судот, во мерките за должина, тежина и обем. 36 Мерките нека ви бидат точни: теговите еднакви, ефата права, инот вистински. Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја. 37 Пазете ги сите Мои закони и сите Мои наредби и исполнувајте ги. Јас Сум Господ!’”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Кажи им на Израелците: ‘Кој - Израелец или странец - ќе му го отстапи своето чедо на Молоха треба да биде погубен; народот на земјата нека го каменува. 3 Јас ќе се свртам против тој човек и ќе го истребам од неговиот народ, зашто тој, давајќи му го своето чедо на Молоха, го онечистил Моето Светилиште и го обесчестил Моето свето име. 4 А ако народот ги затвори своите очи над човекот, кога ќе му го даде своето чедо на Молоха, и не го погуби, 5 Јас ќе им се спротивставам на човекот и на неговото семејство; ќе ги истребам од нивниот народ, него и сите кои, после него, ќе тргнат по Молоха да му се подаваат на блуд со Молоха.’ 6 ‘Ако некој им се обрати на повикувачи на духови и на вражалци, за да оди блудно по нив, Јас ќе се свртам против таквиот човек и ќе го истребам од неговиот народ. 7 Осветувајте се за да бидете свети, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог. 8 Пазете ги Моите закони и исполнувајте ги, зашто Јас Господ ве осветувам вас. 9 Кој ќе го проколне татка си или мајка си, нека биде погубен. Зашто ги проколна татка си и мајка си, неговата крв нека падне на него.’ 10 ‘Човек кој ќе прељубодејствува со мажена жена; кој ќе изврши прељуба со жената на својот ближен, нека биде казнет со смрт; и прељубникот и прељубницата. 11 Човек кој ќе легне со жената на татка си - би ја открил голотата на својот татко - обата нека бидат казнети со смрт, нивната крв нека падне на нив. 12 Ако некој легне со својата снаа, двата нека бидат казнети со смрт. Направија родосквернавење, и нивната крв нека падне на нив. 13 Ако маж легне со маж, како со жена, двајцата ќе направат одвратно и гнасно дело; нека и бидат предадени на смртта, тоа е крајна гнасотија. 14 Ако некој се ожени со ќерката и мајка и - тоа е крајна расипаност: нека бидат изгорени и тој и тие, за да нема беззаконие меѓу вас. 15 Човек кој би општел полово со животно нека биде погубен, убијте го и животното. 16 Ако жена отиде при какво и да е животно, за да општи полово со него; убијте ги жената и животното; нека бидат погубени, нивната крв нека падне на нив.’ 17 ‘Ако некој се ожени со својата сестра, со ќерката на татка си или со ќерката на мајка си, па ја видел нејзината голота, а таа ја видела неговата - тоа е срамно дело! - нека бидат истребени пред очите на нивниот народ. Тој ја открил голотата на својата сестра - нека го понесе своето беззаконие. 18 Ако некој легне со жена во време на нејзиниот месечен ред и ја открил нејзината голота, го разголил изворот на нејзината крв и таа сама го открила течењето на својата крв; обата нека бидат истребени од својот народ. 19 Не откривај ја голотата на сестрата на мајка си ниту на сестрата на татка си - тоа е откривање на голотата на својот род; тие нека го понесат своето беззаконие. 20 Кој ќе легне со својата стрина, би ја открил голотата на стрина си. Нека ги сносат последиците на својот грев: нека умрат без пород. 21 Ако некој би се оженил со жената на брата си - би ја открил голотата на брата си; тоа е нечисто: нека останат бездетни.’ 22 ‘Затоа пазете ги Моите закони, сите Мои заповеди, и исполнувајте ги, за да не ве изблува од себе земјата, во која што ве водам за да се населите во неа. 23 Не постапувајте според обичаите на народите што Јас ги гонам пред вас, зашто тие го правеа сè тоа и затоа ми се згади од нив. 24 А Јас ви реков вам: „Вие ќе ја завладеете нивната земја; ќе ви ја предадам вам во наследство: земјата во која течат млеко и мед.” Јас Сум Господ, ваш Бог, Кој ве оддели вас од сите народи. 25 Разликувајте чисто животно од нечисто, чиста птица од нечиста; и не онечистувајте се сами себеси ни со животно, ни со птица, ниту со што и да е што ползи по земјата: што Јас ви ги одделив како нечисти. 26 Бидете свети пред Мене, зашто Јас, Господ, Сум свет; Јас ве одделив од народите, за да бидете Мои.’ 27 ‘Маж или жена кои, меѓу вас, ќе станат повикувачи на духови на мртви или ќе вражаат, нека бидат казнети со смрт; нека бидат каменувани, а нивната крв нека падне на нив.’”
1 И Господ му рече на Мојсеја: „Зборувај им на свештениците, на Ароновите синови, и речи им: ‘Нека не се онечистуваат со допирање на покојник во својот народ, 2 освен за свои најблиски роднини: за мајка си, за татка си, за синот, за ќерката и за братот, 3 и за својата сестра, девица, која му е најблиска крвна роднина, која живее при него и не била мажена. 4 Но нека не се онечистува за роднините и така да стане нечист. 5 Нека не ја бричат главата; нека не ги стрижат краиштата на своите бради, ниту да прават засеци на своето тело. 6 Нека Му бидат свети на својот Бог; нека не го обесветуваат името на својот Бог, зашто тие принесуваат палени жртви на Господа, леб на својот Бог; затоа треба да бидат свети. 7 Нека не се женат со блудница и со обесчестена; ниту смеат да се женат со онаа, која нејзиниот маж ја отпуштил, зашто тие се свети на својот Бог. 8 И нека биде осветен, зашто тој го принесува лебот на твојот Бог; нека ти биде свет, зашто Сум свет Јас, Господ, Кој ве осветува вас. 9 Ако свештеничка ќерка се обесчестила со блудствување, таа го бесчести татка си; нека биде изгорена на оган.’ 10 ‘А велесвештеникот од своите браќа, на чија глава е излеано масло за помазание и кој е осветен да носи света облека, нека не оди со откриена глава, ниту да ја раскинува својата облека. 11 Нека не влегува ниту при еден мртовец; не смее да се онечистува, ниту за татка си, ниту за мајка си. 12 Нека не излегува од Светилиштето, за да не го онечисти Светилиштето на својот Бог, зашто на себе го носи венецот на маслото со помазанието на својот Бог. Јас Сум Господ. 13 Нека зема девица за жена. 14 Не смее да се жени со вдовица, или со оставена од маж, или со обесчестена или со блудница; нека се жени со девица од својот народ; 15 така нема да го загади своето потомство меѓу својот народ, зашто Јас, Господ, го осветувам.’” 16 Господ му рече на Мојсеја: 17 „Речи му на Арона: ‘Никој од твоите потомци, во нивните родови, кои ќе имаат некаков телесен недостаток не смее да се доближи да го принесува лебот на својот Бог. 18 Ниеден на кого има недостаток не смее да пристапува: ни слеп, ни хром, ни со обезличен нос, ни со излишен член; 19 ни таков кој има скршена рака или нога; 20 ни подгрбавен, ни со сув член, ни со болни очи, ни лишав, ни јадежлив, ни килав. 21 Ниеден човек од потомците на свештеникот Арон, кој има недостаток, нека не пристапува да принесува паленица; бидејќи има недостаток, нека не се доближува да Му принесува леб на својот Бог. 22 Може да јаде од храната на својот Бог: од светите и од пресветите жртви; 23 но нека не доаѓа кон завесата, ниту да му пристапува на жртвеникот, зашто има недостаток. Нека не ги обесветува Моите светилишта, зашто Јас, Господ, ги осветувам.’” 24 Мојсеј им го кажа тоа на Арона, на неговите синови и на сите Израелеви синови.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Речи им на Арона и на неговите синови да постапуваат внимателно со светините на Израелевите синови и да не го обесчестуваат Моето свето име во тоа, што тие Ми ги посветуваат Мене. Јас Сум Господ! 3 Кажи им: ‘Ако некогаш некој од вашите поколенија пристапи, во состојба на нечистота, кон светите приноси, што Израелците Му ги посветуваат на Господа, тој ќе биде истребен од пред Моето лице. Јас Сум Господ. 4 Никој од Ароновите потомци, кој ќе биде лепрозен или ќе има излив, нека не јаде од светите приноси додека не се очисти. Оној кој ќе се допре до што и да е нечисто од мртво тело или оној од кого ќе излезе семеизлив; 5 оној кој ќе се допре до некаков лазач што го прави нечист; или до човек, од кого може да стане нечист, со каква и да е нечистота; 6 оној кој ќе се допре до нешто такво нека биде нечист до вечерта и нека не јаде од светите приноси додека не го измие своето тело во вода. 7 Штом сонцето ќе зајде, очистен е. Тогаш може да јаде од светите приноси, зашто тоа му е храна. 8 Нека не јаде ни мрша ни раскинато од ѕверови, за да не се онечисти со тоа. Јас Сум Господ. 9 Нека ги пазат Моите повелби, за да не навлечат вина врз себеси и, онечистувајќи се со неа, за да не загинат заради неа. Јас, Господ, ги осветувам нив.’ 10 ‘Ниеден туѓинец да не јаде од светината; ни свештениковиот гостин, ни наемникот, не смеат да јадат од светиот принос. 11 Ако свештеникот купи некого за сребро, тој може да јаде како и оној, кој се родил во неговиот дом; тие можат да јадат од неговиот леб. 12 Ако свештеникова ќерка се омажи за туѓинец, не смее да јаде од воздигнатите свети приноси. 13 Но ако свештениковата ќерка стане вдовица или биде оставена, а нема деца, па се врати во татковата куќа, може да се храни со лебот на татка си, како во својата младост. Ниеден туѓинец не смее да јаде од него. 14 Ако некој јаде свет принос од незнаење, нека му го надомести на свештеникот, додавајќи петина. 15 Нека не ги сметаат за безвредни светите приноси што Израелците Му ги принесуваат на Господа. 16 И јадејќи ги светините, би навлекле врз себе, вина за престап, зашто Јас, Господ, ги осветувам.’” 17 Господ му рече на Мојсеја: 18 „Зборувај им на Арона, на неговите синови и на сите Израелци и речи им: ‘Секој човек од Израелевиот дом или странец во Израел кој донесува свој принос - како завет или како доброволен дар, за да се принесе на Господа како паленица - за да биде примен, 19 треба да биде принесено машко, без недостаток, било да е говедо, овца или коза. 20 Не принесувајте ништо со недостаток на него, зашто тоа нема да ви биде примено. 21 Ако некој му принесува на Господа помирителна жртва за да изврши некаков завет или за да направи доброволен принос, било од крупниот или од ситниот добиток, животното - за да биде примено - треба да биде без недостаток; никаков недостаток не смее да има на него. 22 Никакво слепо или хромо, или со изместено, гушаво, со оток или со јадеж животно; такво не Му принесувајте на Господа, ниту такво положувајте врз жртвеникот како паленица на Господа. 23 Јунец или овца со подолг или покус член можеш да принесеш како доброволен принос, но ако е жртва заветница нема да биде примена. 24 Не принесувајте Му на Господа животно свиткано, со слаби дробови, скршено или скопено. Не правете го тоа во вашата земја, 25 ниту примајте такво од странец за да го принесете во дар на вашиот Бог. Со недостаток се, зашто се повредени. Затоа нема да ви биде примено.’” 26 Господ му рече на Мојсеја: 27 „Кога ќе се роди теле, или јагне, или јаре, седум дена нека остане покрај својата мајка. Од осмиот ден може да биде примено како паленица на Господа. 28 Не колете крава, ни овца, во ист ден со нејзиното младо. 29 Кога ќе Му принесувате на Господа жртва благодарствена, принесете ја така за да биде примена. 30 Нека биде изедена во истиот ден; не оставајте од неа за наутро. Јас Сум Господ!” 31 „Пазете ги Моите заповеди и исполнувајте ги. Јас Сум Господ! 32 Не обесчестувајте го Моето свето име, за да бидам свет среде Израелевите синови. Јас Сум Господ, Кој ве осветувам. 33 Јас, Кој ве избавив од Египетската Земја за да бидам ваш Бог, Јас Господ.”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Господовите празници, што ќе ги свикувате, се свети собири. Овие се Мои празници: 3 Шест дена се работи, а седмиот е сабота - ден на потполн одмор, свет собир, кога не смеете да работите никаква работа. Тоа е Господова сабота во сите ваши живеалишта.’ 4 ‘А ова се Господови празници - свети собранија - што ќе ги свикувате во нивно одредено време: 5 Во првиот месец на четиринаесеттиот ден во примрак е Господова Пасха; 6 на петнаесеттиот ден на месецот е Празник на бесквасните лебови на Господ - седум дена јадете бесквасен леб. 7 На првиот ден нека ви биде свето собрание; не работите никаква работа. 8 И во тек на седумте денови принесувајте Му жртви на Господа, а на седмиот ден пак нека биде свето собрание; не работите никаква работа.’” 9 Господ Му рече на Мојсеја: 10 „Кажи им на Израелците и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата, што ви ја давам, и кога ќе ја пожнеете во неа жетвата, донесете му го на свештеникот првиот сноп на својата жетва. 11 Тој нека го раздвижи снопот пред Господа, за да биде примен за вас; свештеникот нека го раздвижи утреден по саботата. 12 А во денот на раздвижувањето на снопот, принесете Му на Господа јагне годиначе, без недостаток како паленица. 13 Покрај тоа лебен принос: две десетини ефа чисто пченично брашно, замесено со масло, како палена жртва на Господа, за пријатен мирис; а со неа налевница од вино: четвртина ин. 14 Пред тој ден - додека не ги донесете приносите на вашиот Бог - не смеете да јадете ни леб, ни пржени зрна, ни свежи класови. Тоа е вечен закон за вашите поколенија каде и да престојувате вие.’ 15 ‘А почнувајќи од утрешниот ден по саботата - денот во кој донесувате сноп за движен принос - избројте полни седум седмици. 16 Тогаш на денот по седмата сабота, на Педесетница, принесете Му на Господа нов лебен принос. 17 Донесете му од вашите живеалишта по два леба за движен принос. Секој нека биде од две десетини ефа чисто брашно; нека бидат испечени со квас, како првини на Господа. 18 Со лебот принесете седум јагниња годиначиња без недостаток, еден јунец и два овна како паленица на Господа, заедно со лебен принос и налевница, палена жртва за благопријатен мирис на Господа. 19 Принесете исто и еден јарец како жртва за грев, а две јагниња годиначиња за помирителна жртва. 20 Свештеникот нека ги принесе пред Господа како движен принос со лебот од првите плодови. Покрај двете јагниња и ова е свето на Господа, и нека му припадне на свештеникот. 21 На истиот ден свикајте собир, нека ви биде свет собир, не работите никаква работа. Тоа е вечен закон за вашите поколенија каде и да живеете вие. 22 Кога ќе ја жнеете жетвата на вашата земја, не дожневајте ги докрај вашите ниви, ниту собирајте после вашата жетва. Остави им го тоа на бедните и на придојдениците. Јас Сум Господ, ваш Бог.’” 23 Господ му рече на Мојсеја: 24 „Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Во седмиот месец, на првиот ден на месецот, нека ви биде потполн одмор, прогласен со звук на труби, свет собир. 25 Не работите никаква работа и принесете Му жртва на Господа.’” 26 Господ му рече на Мојсеја: 27 „Освен тоа, на десеттиот ден на тој месец се паѓа Денот на Очистувањето - имајте свето собрание; смирете ги вашите души и принесете Му жртва на Господа. 28 Никаква работа не работите во тој ден; зашто тоа е Ден на Очистување, за да ве очисти вас пред Господа, вашиот Бог. 29 А секоја душа, која не ќе се смири во тој ден, ќе биде истребена од својот народ. 30 А кој би работел некаква работа во тој ден, Јас ќе го истребам него од неговиот народ. 31 Не работите никаква работа; тоа е вечен закон за вашите поколенија, во сите ваши живеалишта. 32 Тоа нека ви биде сабота на починка; смирете ги вашите души! Вечерта на деветтиот ден на месецот - од вечер до вечер - празнувајте ја вашата сабота.” 33 Господ му рече на Мојсеја: 34 „Речи им на Израелците: ‘Од петнаесеттиот ден на седмиот месец нека се празнува седум дена Празникот на сениците, во чест на Господа. 35 На првиот ден, во денот на светиот собир, не работите никаква работа. 36 Седум дена принесувајте Му жртва на Господа. На осмиот ден нека ви биде свето собрание, кога ќе Му принесете жртва на Господа. Тоа е свечено собрание, не работите никаква работа.’ 37 ‘Тоа се Господови празници, во кои ќе свикувате свети собранија, за да Му принесувате жртви на Господа: паленици, лебни приноси, жртви закланици и налевници, секоја во нејзин определен ден, 38 освен Господовите саботи, и освен вашите дарови, освен вашите завети и освен доброволните подароци што Му ги принесувате на Господа.’ 39 ‘А на петнаесеттиот ден во седмиот месец, откако ќе ги соберете плодовите на земјата, празнувајте Господов празник седум дена. На првиот и на осмиот ден нека е починка. 40 На првиот ден земете: убави плодови, палмини гранки; гранчиња од широколисни дрва и од речни врби, и веселете се пред вашиот Господ Бог седум дена. 41 Прославувајте го Господовиот празник седум дена во годината. Тоа е вечен закон за вашите родови. Празнувајте го во седмиот месец. 42 Живејте под шатори седум дена. Сите родени Израелци нека престојуваат под шаторите, 43 за да знаат вашите поколенија, дека Јас ги населив Израелевите синови под шатори, кога ги изведов од Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог.’” 44 И така Мојсеј им ги објави на Израелците Господовите празници.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Нареди им на Израелевите синови, да ти донесат: чисто масло од истолчени маслинки за светлина, за да гори светилникот непрекратно. 3 Арон нека го подготвува секогаш пред Господа, од вечер до утро, во Шаторот на средбата, пред завесата на Сведоштвото. Ова е вечен закон за вашите поколенија. 4 Арон нека ги одржува непрекратно светилките на чист светилник пред Господа.” 5 „Потоа земи чисто пченично брашно и од него испечи дванаесет погачи. Во секоја погача нека има две десетини ефа. 6 Потоа нареди ги во два реда - по шест во ред - на чистиот стол што е пред Господа. 7 На секој ред стави чист темјан. Тоа нека биде на лебот за спомен - принос на Господа. 8 Во секоја сабота, постојано, нека бидат положувани пред Господа од Израелевите синови: тоа е вечен Завет. 9 Нека им припаднат на Арона и на неговите синови, кои ќе ги јадат на свето место; зашто тоа е пресвето за нив од Господовите жртви: тоа е вечна одредба.” 10 А синот на една Израелка, роден од татко Египетец, излезе меѓу Израелците и зафати во логорот, караница со еден Израелец. 11 И синот на Израелката го похули името Господово и го проколна. Тогаш го доведоа при Мојсеја. Името на мајка му беше Саломита, Давриина ќерка, од Дановото племе. 12 Го ставија под стража, додека не им се открие Господовата волја. 13 И Господ му рече на Мојсеја: 14 „Изведи го хулителот надвор од логорот. А сите кои го слушнаа нека ги положат своите раце на неговата глава. Тогаш целото општество нека го каменува. 15 Потоа ќе им прозбориш на Израелците вака: ‘Кој ќе Го проколне својот Бог, ќе го понесе својот грев; 16 кој ќе изговори хула против Господовото име, нека биде погубен - целата заедница нека го погуби со камења; било да е туѓинец или домородец, ако Го похули Господовото име, треба да умре. 17 Кој ќе убие кој и да е друг човек, треба да и биде предаден на смртта. 18 Кој ќе усмрти животно, треба да го надомести: животно за животно. 19 Кој ќе го повреди својот ближен, нека му биде направено како што сторил тој: 20 скршено за скршено, око за око, заб за заб: каква повреда му направил на човекот, така да му се направи и нему. 21 Кој ќе усмрти животно, треба да го надомести; но кој ќе убие човек, треба да умре. 22 Судот нека ви биде еднаков и за придојденикот и за домородецот, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог.’” 23 Откако Мојсеј им го изложи тоа на Израелевите синови, го изведоа хулителот надвор од логорот и го засипаа со камења. И Израелците направија како што Господ му заповеда на Мојсеја.
1 Господ му рече на Мојсеја на Синајската Гора: 2 „Зборувај им на Израелците и кажи им: ‘Кога ќе влезете во земјата што ви ја давам, таа земја нека ја пази Господовата саботна починка. 3 Шест години сеј ја твојата нива, шест години режи го твоето лозје и бери го неговиот плод. 4 А на седмата година и земјата нека ја ужива саботната починка, Господовата сабота: не засевај ги твоите ниви, ниту режи го твоето лозје. 5 Што ќе порасне само од себе на твојата нива, не жнеј го; ниту го бери грозјето од нережана лозница. Тоа нека и биде на земјата година на почивање. 6 Земјината починка ќе ве снабди со исхрана: за тебе, за твојот слуга, за твојата слугинка, за твојот наемник и за придојденецот кој живее со тебе; 7 а и за твојот добиток и за ѕверовите во твојата земја - нејзините плодови нека служат за храна.’ 8 ‘Изброј седум седмици такви години, седумпати по седум години. Седум години седмици ќе ти изнесуваат четириесет и девет години. 9 Тогаш засвири во трубата - во седмиот месец, на десеттиот ден на месецот, на Денот на Очистувањето; затрубите во труба ширум низ сета ваша земја. 10 Таа педесетта година прогласете ја за света! Прогласете низ земјата ослободување на сите нејзини жители. Тоа нека ви биде прославна, проштавачка, година: секој нека се врати во својата татковина; секој нека се врати во својот род! 11 Таа педесетгодишница нека ви биде јубилејна година: не сејте, не жнијте што ќе порасте само од себеси, ниту берете од нережана лоза. 12 Зашто прославата треба да биде света. Хранете се со она што ќе донесе нивата од себе. 13 ‘Во јубилејната година секој нека се врати во своето наследство. 14 Затоа, кога му продавате имот на свој сонародник или кога купувате од свој сонародник, не му нанесувајте штета на својот брат! 15 Купувај од својот ближен, откако ќе го одбиеш бројот на годините на прославата; а тој нека ти продава според бројот на годините на плодособирањето. 16 Колку повеќе години, зголеми ја цената; колку помалку години, и цената нека биде помала. Зашто, она што тој ти продава е број на едногодишни полски приходи. 17 Нека никој од вас не му нанесува штета на својот сонародник; туку бој се од твојот Бог! Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог!’ 18 ‘Исполнувајте ги Моите закони и Моите наредби; спроведувајте ги верно на дело па ќе живеете безопасно на земјата. 19 Земјата ќе го дава својот род, ќе јадете до наситка и ќе живеете спокојно. 20 Ако речете: „Со што ќе се храниме во седмата година, кога не ќе сееме, ниту ќе собираме плодови?” 21 Јас ќе го испратам Мојот благослов на вас: шестата година ќе роди за три години. 22 Кога ќе сеете во осмата година, ќе се храните со стари плодови до деветтата година. Додека не дојдат нејзините плодови, ќе јадете стари. 23 Земјата не смее да биде продадена за секогаш, зашто земјата Ми припаѓа Мене, додека вие сте само странци и гости кај Мене. 24 Затоа во секој крај каде што имате земјишна сопственост, треба да дозволите откупување на земјата.’ 25 ‘Ако твојот брат осиромаши и ако продава од својата татковина, нека дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи она што го продава неговиот брат. 26 Ако нема некого да ја откупи, а после и самиот стане имотен и спечали средства за да ја откупи, 27 нека ги изброи годините од продавањето, нека му исплати на купувачот износ за другото време и нека се врати на своето наследство. 28 Ако нема средства за да ја откупи, тогаш продаденото нека остане во рацете на купувачот до јубилејната година. А кога ќе стапи во јубилејот, нека се врати на својата таткова земја.’ 29 ‘Ако некој продаде куќа за живеење во град, заграден со ѕид, може да ја откупи додека не се наполни година по продавањето; и така, откупниот рок нека е една година. 30 Ако не ја откупи во рок од една година, тогаш куќата, во градот заграден со ѕид, им останува за секогаш на купувачот и на неговите потомци; нека не се враќа ни при прославата. 31 Но куќите по селата, што немаат ѕидови околу себе, нека се сметаат како недвижен имот во полето; можат да бидат откупувани. Во јубилејот купувачот треба да излезе од нив. 32 Куќите што се во левитските градови им припаѓаат на левитите; левитите можат да ги откупуваат во секое време. 33 Ако некој левит не се послужи со своето право за откуп, тогаш куќата што ќе биде продадена, во градот на неговата сопственост, ќе му биде вратена во прославата. Зашто кај Израелците куќите во градовите на левитите се нивна сопственост. 34 Неизградената земја околу нивните градови не може да биде продадена, зашто таа е нивна сопственост за сите времиња.’ 35 ‘Ако твојот брат осиромаши и е без средства при тебе; помагај го, како да е странец или гостин, за да може да живее со тебе! 36 Не земај од него ни камата ни печалба. Бој се од својот Бог, и твојот брат нека живее со тебе. 37 Не давај му сребро на заем со камата, ниту му ја давај твојата храна за печалба. 38 Јас, Господ, вашиот Бог, ве избавив од Египетската Земја за да ви ја дадам Ханаанската Земја и за да бидам ваш Бог.’ 39 ‘Ако осиромаши твојот брат, кај тебе, и ако ти се продаде, не присилувај го да ти служи како роб. 40 Нека биде кај тебе како наемник или надничар. Нека служи кај тебе до јубилејната година. 41 Тогаш ослободи го да си отиде од кај тебе; самиот и неговите деца со него; нека се врати во својот род и пак нека ја земе својата дедовина. 42 Затоа што тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската Земја; не смеат да бидат продавани како робови. 43 Не постапувај грубо со нив и бој се од твојот Бог! 44 А ако сакаш да имаш робови и робинки, можете да ги купите, и машки и женски, од народите што се околу вас. 45 Можете да ги купувате и од придојдениците, кои се населени меѓу вас; од нивните семејства што живеат со вас и што се родени во вашата земја. Таквите можат да станат ваша сопственост. 46 Нив можете да им ги предавате во наследство на вашите деца, за да ги наследат за секогаш во сопственост. Кон нив можете да постапувате како кон робови. Но кон своите браќа, Израелевите синови, никој не смее да господари со жестокост.’ 47 ‘Ако туѓинецот или придојденикот, кој живее со тебе, се збогати, а твојот брат осиромаши кај него, па ако му се продаде на странецот, кој живее со тебе, или на кој и да е потомок на семејството на придојденикот; 48 тој може да биде откупен и по продавањето. Нека го откупи некој од неговите браќа; 49 или, нека го откупи неговиот стрико, неговиот роднина или кој и да е од неговото семејство од неговата крв. Или, ако има средства нека се откупи сам. 50 Нека го пресмета времето, со својот купувач, од годината кога му се продал до јубилејната година. Цената на неговото ослободување нека биде според бројот на годините. Времето што го поминал кај својот купувач нека се процени како време на еден наемник. 51 Ако остануваат уште многу години, нека исплати за својот откуп сребро, сразмерно на цената со која бил купен. 52 А ако остануваат само неколку години до јубилејната година, нека пресмета и нека исплати за својот откуп според годините на службата. 53 Нека биде при него како наемник, во сите години. Тој не смее да господари над него со жестокост, пред твоите очи. 54 Ако не биде откупен вака; тогаш, тој и неговите деца, со него, нека си отидат во јубилејната година; 55 зашто Израелевите синови се Мои слуги; тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската Земја. Јас Сум Господ, ваш Бог.’
1 ‘Не правете си идоли; не издигајте си ни кипови ни спомен-столбови; не ставајте во вашата земја камења со ликови, за да се клањате пред нив; зашто Јас Сум Господ, ваш Бог. 2 Пазете ги моите саботи, и Светилиштето Мое да го почитувате. Јас Сум Господ.’ 3 ‘Ако живеете според Моите закони, ако ги пазите Моите заповеди и ако ги спроведувате во дело, 4 ќе ви дадам дожд во право време, па земјата ќе раѓа род, а стеблата по полето ќе донесуваат плодови. 5 Вршењето ќе ви го достигнува гроздоберот, а бербата ќе го достигнува сеењето. Ќе јадете свој леб до наситка, и ќе живеете безопасно во вашата земја. 6 Ќе и дадам мир на земјата; така ќе почивате и никој не ќе ве плаши. Ќе ги отстранам штетните животни од земјата; меч нема да помине низ вашата земја. 7 Ќе ги терате во бегство вашите непријатели, а тие ќе паѓаат пред вас од меч. 8 Петмина од вас ќе тераат во бегство стотина од нив, стотина од вас ќе тераат во бегство десет илјади од нив. Да, вашите непријатели ќе паѓаат од меч пред вас. 9 Ќе погледам кон вас и ќе направам да сте плодоносни и многубројни, утврдувајќи го Мојот Завет со вас. 10 Ќе се храните со стари минатогодишни жита; и ќе ги исфрлите старите заради новите жита. 11 Ќе го поставам Моето живеалиште меѓу вас, и нема да ве отфрлам; 12 ќе одам меѓу вас и ќе ви бидам Бог, а вие ќе бидете Мој народ. 13 Јас, Господ, вашиот Бог, ве изведов од Египетската Земја за да не бидете повеќе робови; ги скршив врските на вашиот јарем и направив да одите исправени.’ 14 ‘Но ако не Ме послушате, и ако не ги исполните сите овие Мои заповеди; 15 ако ги отфрлите Моите закони, ако ги изгазите Моите наредби и ако го нарушите Мојот Завет, не исполнувајќи ги сите Мои заповеди, 16 еве, како ќе постапам со вас: ќе ви испратам ужас, изнемоштеност и треска што ги расипуваат очите и што ја измачуваат душата. Напразно ќе ги сеете вашите посеви - вашите непријатели ќе се хранат од нив. 17 Јас ќе го свртам Моето лице од вас, и вашите непријатели ќе ве убиваат. Оние што ве мразат ќе господарат над вас. Ќе бегате и тогаш кога никој не ќе ве гони. 18 Па ако не Ме послушате и покрај тоа, Јас ќе ве казнувам седумкратно за вашите гревови. 19 Јас ќе ја скршам гордоста на вашата сила. Небото ќе го направам како железо, а вашата земја како бакар. 20 Напразно ќе се троши вашата сила. Земјата не ќе ви го дава повеќе својот род, ниту дрвата на земјата ќе ги донесуваат своите плодови.’ 21 ‘Ако се противите уште и натаму, ако не сакате да Ме послушате седумкратно ќе ги зголемам врз вас раните за вашите гревови. 22 Ќе ги пуштам горските ѕверови на вас за да ве лишат од децата, за да ви го издават добитокот и ќе ве намалат, така што патиштата ќе ви запустат.’ 23 ‘Ако и тоа не ве поправи, па ако продолжите со живеењето што Ми се противи, 24 тогаш и Јас ќе ви се спротивам вам и Самиот ќе ве удрам седумкратно за вашите гревови. 25 Ќе доведам меч на вас, нека се искали со одмазда за Заветот. А кога ќе се соберете во вашите градови, ќе испратам помор на вас, и ќе бидете предадени во рацете на непријателот. 26 А кога ќе ви го прекратам снабдувањето со леб; десет жени ќе ви печат леб во една печка; ќе ви дадам леб со мерка. Ќе јадете, но нема да бидете сити.’ 27 ‘Ако и после тоа не Ме послушате, туку Ми се спротивставувате и натаму, 28 и Јас ќе ви се спротивставувам - ќе ве казнам седумкратно за вашите гревови. 29 Ќе јадете месо од вашите синови, ќе јадете месо од вашите ќерки. 30 Ќе ги разурнам вашите возвишени места; ќе ги разрушам вашите столбови и ќе ги фрлам вашите трупови врз вашите искршени гнасни идоли, и ќе се згнаси душата Моја од вас. 31 Ќе ги претворам вашите градови во урнатини; ќе ги запустам вашите светилишта; и не ќе го мирисам повеќе вашиот благопријатен мирис. 32 Јас ќе ја претворам земјата во пепелиште, така што вашите непријатели кои ќе се населат во неа, ќе се вчудоневидат над неа. 33 Вас ќе ве распрснам по народите; ќе извлечам меч од зад вас, така што вашата земја ќе биде претворена во пустина, а градовите во урнатини.’ 34 ‘Тогаш земјата ќе ги задоволи своите саботи за целото време, додека биде пуста и додека вие ќе бидете во земјата на вашите непријатели. Земјата ќе се одмори тогаш и ќе може да ги задоволи своите саботи. 35 Сè додека биде пуста, ќе има починка, што не ја имаше во времето на вашите саботи додека вие живеевте во неа. 36 А на оние од вас што ќе останат во живот по земјите на нивните непријатели, ним ќе им натерам страв во срцето. Шумот на листот што трепери ќе ги гони во бегство. Ќе бегаат како што се бега од меч; ќе паѓаат иако никој не ќе ги гони. 37 Ќе се сопнуваат еден од друг како кога се бега пред меч, иако никој нема да ги гони. Не ќе се одржите пред вашите душмани; 38 ќе изгинете меѓу народите - ќе ве голтне земјата на вашите непријатели. 39 А кој ќе преживее од вас, ќе венее во земјата на вашите непријатели заради своите беззаконија; ќе венеат и заради беззаконијата на своите татковци.’ 40 ‘Тогаш ќе ги признаат своите беззаконија и беззаконијата на своите татковци што ги направија против Мене со престапите, зашто Ми се противеа. 41 И Јас требаше да им се спротивставам ним и да ги воведам во земјата на нивните непријатели. Тогаш, најпосле, ќе се понизи нивното закоравено срце и тогаш тие ќе трпат мака за своите беззаконија. 42 Тогаш Јас ќе се сетам за Мојот Завет со Јакова и за Мојот Завет со Исака, ќе си спомнам за Мојот Завет со Авраама - ќе си спомнам за земјата. 43 Земјата, оставена од нив, ќе ги задоволи своите саботи, кога ќе остане пуста заради нив. А тие ќе трпат заради своето беззаконие, зашто ги отфрлија Моите заповеди, зашто ги презреа Моите закони. 44 Но ни тогаш, додека бидат во земјата на нивните душмани, не ќе ги отфрлам ниту ќе ги презрам, така за да ги уништам сосем и за да го прекршам Мојот Завет со нив. Зашто Јас Сум Господ, нивниот Бог. 45 Заради нив ќе си спомнам за Заветот со нивните предци, кои ги изведов од Египетската Земја пред очите на народите, за да бидам нивен Бог, Јас Сум Господ.’” 46 Тоа се повелбите, судовите и законите, кои Господ ги постави меѓу Себе и Израелците - преку Мојсеја - на Синајската Гора.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Соопшти им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога некој сака да Му направи на Господа завет што вреди колку еден човек, 3 нека ти биде мерка: маж од дваесет до шеесет години возраст, процени го педесет сикли во сребро, според светилишниот сикал; 4 а женско процени го триесет сикли. 5 А за возраст од пет до дваесет години твоето оценување нека биде: за машко дваесет сикли, а за женско десет сикли. 6 Ако е возраста од еден месец до пет години, проценувањето нека ти биде: за машко пет сикли во сребро; а оценката за женско три сикли во сребро. 7 Ако е на возраст од шеесет години или повеќе, оценувањето нека ти биде: за машко петнаесет сикли, а за женско десет сикли. 8 Но ако некој е беден па не може да ја плати својата цена, нека го доведат пред свештеникот, и свештеникот нека го процени. Но свештеникот нека процени според она што заветодавачот може да даде.’ 9 ‘Ако заветуваниот принос биде од животните што можат да Му се принесуваат на Господа, секој таков принос на Господа ќе биде свет. 10 Нека не се надоместува ниту заменува со нешто друго - добро за лошо или лошо за добро. Ако се направи замена на едно животно за друго, тогаш и заветуваното и она што го заменило ќе бидат свети. 11 Ако заветуваниот принос биде од нечисто животно што не може да Му се принесува на Господа, нека го доведат животното при свештеникот, 12 па тој нека го процени. Било скапо, било нескапо, нека биде така како што ќе го процени свештеникот. 13 Ако некој сака да го откупи нека додаде петина кон неговата процена.’ 14 ‘Ако некој ја посвети својата куќа заветувајќи Му ја на Господа, свештеникот нека процени дали е добра или е лоша. Како што ќе ја процени свештеникот така нека остане. 15 Ако оној, кој ја заветувал куќата сака да ја откупи, нека додаде една петина кон износот на нејзиното оценување, па нека биде негова.’ 16 ‘Ако некој Му заветува на Господа дел од земјиштето, во своја сопственост, процени го според неговиот посев: за еден гомер јачмено семе педесет сикли во сребро. 17 Ако го заветува полето во јубилејната година, нека остане според ова проценување. 18 Но ако ја заветува нивата по јубилејната година, свештеникот нека ја пресмета цената во сребро според годините што остануваат до јубилејната година. 19 Ако оној што ја заветувал нивата посака да ја откупи, нека додаде петина кон износот на проценувањето, па нека му остане. 20 Ако не ја откупи нивата, туку ја продаде на друг, не може веќе да ја откупува. 21 Кога полето ќе биде ослободено во јубилејната година, нека Му биде посветено на Господа како заветувано поле и нека стане свештеникова сопственост. 22 Ако некој Му заветува на Господа дел од земјиштето што не е дел на неговата сопственост, 23 свештеникот нека му пресмета сразмерна процена до јубилејната година. И во истиот ден нека го исплати износот како Господова светина. 24 Во јубилејната година земјиштето ќе му биде вратено на оној од кого е купено - кому што му припаѓа земјишната сопственост. 25 Секое проценување нека се врши според храмскиот сикал: дваесет гери-пенези еден сикал.’ 26 ‘Но никој нека не заветува првородено од добиток. И така првината Му припаѓа на Господа, без оглед дали е од ситен или е од крупен добиток. 27 Ако биде од нечиста стока, може да биде откупена според твојата процена, додавајќи петина кон цената. Ако не биде откупена, нека биде продадена според проценувањето.’ 28 Но ништо од „заветуваното”, од она што Му е заветувано на Господа, било тоа да е човек или животно или негово наследено земјиште; ништо што човек Му Го посветил со завет на Господа, не може ни да се продаде ниту да се откупи. Сè што е заветувано е најголема Господова светина. 29 Ниеден човек, над кого е изречено проклетство, не смее да се откупува: треба да биде погубен.’ 30 ‘Секоја десетина од земјата, од полските посеви и од плодовите на дрвата, Му припаѓа на Господа; тоа е Господова светина. 31 Ако некој сака да откупи нешто од својот десеток, кон тоа треба да додаде една петина од цената. 32 Секој десеток од крупниот и од ситниот добиток, односно секое десетто што поминува под пастирскиот стап, нека Му биде посветено на Господа. 33 Нека не се гледа дали е добро или е лошо; и нека не се заменува. Сепак ако се замени, тогаш нека биде свето и едното и другото, и не смее да се откупува.’” 34 Тоа се заповедите што Господ му ги даде на Мојсеја за Израелевите синови на Синајската Гора.
1 Во Синајската Пустина, во Шаторот на средбата, Господ му рече на Мојсеја, во првиот ден на вториот месец, во втората година по излегувањето од Египетската Земја: 2 „Извршете попис на целата израелска заедница по родови и по семејства, наведувајќи ги имињата на сите машки, глава по глава. 3 Од дваесет години нагоре, способните за борба во Израел, ти и Арон, избројте ги според нивните единици. 4 Со вас нека биде по еден човек од секое племе, главатар на својот прадедовски дом. 5 Ова се имињата на луѓето кои ќе ви помагаат: Елисур, син Седиуров, од Рувимовото племе; 6 Саламил, син Сурисадеев, од Симеоновото племе; 7 Насон, син Аминададов, од Јудиното племе; 8 Натанаил, син Согаров, од Исахаровото племе; 9 Елијав, син Хелонов, од Завулоновото племе. 10 Од Јосифовите синови: Елисам, син Емиудов; од Ефремовото племе; Гамалиил, син Фадасуров, од Манасиевото племе; 11 Авидан, син Гадеониев, од Венијаминовото племе; 12 Ахизер, син Амисадаев, од Дановото племе; 13 Фагаел, син Ехранов од Асировото племе; 14 Елисав, син Деуелов од Гадовото племе; 15 Ахиреј, син Енанов, од Нефталимовото племе.” 16 Тоа беа избраниците од општеството, владетели на нивните татковски племиња и главатари на Израелевите илјадници. 17 Тогаш Мојсеј и Арон ги зедоа тие луѓе кои беа одредени по име, 18 па ја свикаа целата заедница во првиот ден на вториот месец. Тогаш во пописот, според родовите и семејствата по ред, беше внесуван бројот на личностите повозрасни од дваесет години, еден по еден. 19 Како што Господ му нареди на Мојсеја, така тој ги изброја во Синајската Пустина. 20 Кога беше утврдено Рувимовото потомство, на Израелевиот првенец, по неговите родови и семејства, ги запишаа глава по глава имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба. 21 Преброените од Рувимовото племе беа четириесет и шест илјади и пет стотини. 22 Беа избројани Симеоновите потомци по нивните родови и семејства: беа избројани, глава по глава, имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба. 23 Избројаните од Симеоновото племе беа педесет и девет илјади и три стотини. 24 Кога беше утврдено потомството на Гадовите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 25 Избројаните од Гадовото племе беа четириесет и пет илјади и шест стотини и педесет. 26 Кога беше утврдено потомството на Јудините синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 27 Избројаните од Јудиното племе беа седумдесет и четири илјади и шест стотини. 28 Кога беше утврдено потомството на Исахаровите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војување. 29 Избројаните од Исахаровото племе беа педесет и четири илјади и четири стотини. 30 Кога беше утврдено потомството на Завулоновите синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на сите од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 31 Избројаните од Завулоновото племе беа педесет и седум илјади и четири стотини. 32 Јосифовите синови: кога беше утврдено потомството на Ефремовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 33 Избројаните од Ефремовото племе беа четириесет илјади и пет стотини. 34 Кога беше утврдено потомството на Манасиевите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 35 Избројаните од Манасиевото племе беа триесет и две илјади и двеста. 36 Кога беше утврдено потомството на Венијаминовите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 37 Избројаните од Венијаминово племе беа триесет и пет илјади и четири стотини. 38 Кога беше утврдено потомството на Дановите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 39 Избројаните од Дановото племе беа шеесет и две илјади и седум стотини. 40 Кога беше утврдено потомството на Асировите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 41 Запишаните од Асировото племе беа четириесет и една илјада и пет стотини. 42 Кога беше утврдено потомството на Нефталимовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. 43 Избројаните од Нефталимовото племе беа педесет и три илјади и четири стотини. 44 Тоа се оние кои ги избројаа Мојсеј и Арон со дванаесетте израелски главатари, по еден човек од секој татковски дом. 45 Беа избројани сите Израелци, по татковските домови, од дваесет години и повеќе, сите способни за војна во Израел. 46 И така, сите избројани беа шест стотини и три илјади пет стотини и педесет. 47 Меѓу нив не беа вброени левитите по поколенијата на нивните татковци. 48 Имено, Господ му рече на Мојсеја: 49 „Само Левиевото племе не го внесувај во пописот на Израелците. 50 Туку ти самиот одреди ги левитите за служба во Шаторот на Сведоштвото; за сиот негов намештај и сè што спаѓа во него; тие нека го носат Шаторот и сиот негов прибор; тие нека служат во него и нека го поставуваат својот логор околу него. 51 Кога Шаторот треба да биде преместен, левитите нека го разглобат; а кога Шаторот треба да застане, левитите нека го подигнат пак. Странец кој ќе му се доближи нека биде погубен. 52 Израелевите синови нека ги оптегнуваат своите шатори секој во својот логор; секој при своето знаме, по чети. 53 Левитите нека престојуваат околу Шаторот на Сведоштвото, за да не падне гнев врз Израелевото општество. Така левитите нека чуваат стража околу Шаторот на Сведоштвото.” 54 Израелците направија така како што Господ му нареди на Мојсеја. Така направија во сè.
1 Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2 „Израелците нека ги оптегнуваат своите шатори секој при своето знаме, под знаците на својот татковски дом; нека ги поставуваат околу Шаторот на средбата, но малку подалеку. 3 Однапред, на источната страна, знамето на Јудиниот логор, по нивните чети. Главатар на Јудините потомци е Насон, синот Аминадавов. 4 Неговата војска брои седумдесет и четири илјади и шест стотини избројани. 5 Исахаровото племе нека ги постави шаторите до него. Началник на Исахаровите потомци е Натанаил, синот Согаров. 6 Неговата војска брои педесет и четири илјади и четири стотини запишани. 7 Натаму Завулоновото племе. Началник на Завулоновите потомци е Елијав, синот Хелонов. 8 Неговото воинство брои педесет и седум илјади и четири стотини запишани. 9 По нивните чети, сите запишани во Јудиниот логор се сто осумдесет и шест илјади и четири стотини. Тие нека тргнуваат први! 10 На југ е знамето на Рувимовиот логор, по нивните чети. Главатар на Рувимовите потомци е Елисур, синот Седнуров. 11 Неговата војска брои четириесет и шест илјади и пет стотини запишани. 12 До него нека ги оптегнува шаторите Симеоновото племе. Началник на Симеоновите потомци е Саламил, синот Сурисадаев. 13 Неговата војска брои педесет и девет илјади и три стотини запишани. 14 Потоа Гадовото племе. Началник на Гадовите потомци е Елисаф, синот Рагуилов. 15 Неговото воинство брои четириесет и пет илјади и шест стотини и педесет запишани. 16 По нивните чети, сите избројани во Рувимовиот логор се сто педесет и една илјада и четири стотини и педесет. Тие нека тргнуваат втори! 17 Потоа нека оди Шаторот на средбата, така што левитскиот логор да биде во средина на другите логори. Како што ги оптегнуваат шаторите, така се должни и да одат: секој под своето знаме. 18 На запад, знамето на Ефремовиот логор, по нивните чети. Главатар на Ефремовите потомци е Елисам, синот Емиудов. 19 Неговата војска брои четириесет илјади и пет стотини запишани. 20 До него е Манасиевото племе. Главатар на Манасиевите потомци е Гамалиил, синот Федасуров. 21 Неговата војска брои триесет и две илјади и двеста избројани. 22 Потоа Венијаминовото колено. Главатар на Венијаминовите потомци е Авидан, синот Гадеониев. 23 Неговата војска брои триесет и пет илјади и четири стотини избројани. 24 По нивните чети, сите избројани во Ефремовиот логор се сто и осум илјади и сто. Тие нека тргнуваат трети! 25 На север, знамето на Дановиот логор, по нивните чети. Главатар на Дановите потомци е Ахиезер, синот Амисадаев. 26 Неговата војска брои шеесет и две илјади и седум стотини. 27 До него нека постави логор Асировото племе. Началник на Асировите потомци е Фагаил, синот Ехранов. 28 Неговата војска брои четириесет и една илјада и пет стотини запишани. 29 Потоа Нефталимовото племе. Началник на Нефталимовите потомци е Ахиреј, синот Енанов. 30 Неговата војска брои педесет и три илјади и четири стотини запишани. 31 Сите запишани во Дановиот логор се сто педесет и седум илјади и шест стотини. Тие нека тргнуваат последни под своите знамиња.” 32 Тоа се избројаните Израелци според татковските домови. Сите избројани во логорите, по нивните чети, се шест стотини и три илјади и пет стотини и педесет. 33 Левитите не беа избројани со Израелците, како што Господ му нареди на Мојсеја. 34 Израелевите синови направија сè како што Господ му нареди на Мојсеја. Така ги поставуваа логорите при своите знамиња и така одеа, секој по својот род и по своите семејства.
1 Ова е Ароновото и Мојсеевото родословие од времето кога Господ му зборуваше на Мојсеја на Синајската Гора. 2 Ова беа имињата на Ароновите синови: првороденец Надав, потоа Авиуд, Елеазар и Итамар. 3 Тоа се имињата на Ароновите синови, на свештениците помазани, за свештенство на посветените. 4 Но Надав и Авиуд умреа пред Господа, кога во Синајската Пустина, принесуваа непосветен оган пред Господа. Бидејќи немаа синови, затоа Елеазар и Итамар служеа како свештеници во присуство на татка си Арона. 5 Господ му рече на Мојсеја: 6 „Повикај го Левиевото племе, нека застане пред свештеникот Арона. Нека му прислужуваат; 7 нека ги исполнуваат неговите должности и должностите на целото општество пред Шаторот на средбата, и нека ја вршат работата околу Шаторот. 8 Нека се грижат за сиот намештај во Шаторот на средбата, за должноста на Израелевите синови, и нека ја исполнуваат службата во Шаторот. 9 Дај им ги левитите на Арона и на неговите синови. Израелците нека му ги подарат целосно. 10 Постави ги Арона и неговите синови да ја исполнуваат својата свештеничка должност. А странец кој би се приближил до тоа нека биде погубен.” 11 Господ му рече на Мојсеја: 12 „Ете, Јас ги земам Левиевците од среде Израелците место сите првороденци - место оние кои ја отвараат мајчината утроба кај Израелевите синови. И така, Левиевците се мои! 13 Имено, Мене Ми припаѓа секој првороденец. Во оној ден кога ги поразив сите првенци во Египетската Земја; си ги посветив Себеси сите првенци во Израел и од луѓето и од животните. Тие се Мои. Јас Сум Господ.” 14 Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: 15 „Изврши попис на Левиевите синови по нивните семејства и родови; изброј ги сите машки од еден месец и повеќе.” 16 Мојсеј ги изброја според Божјата заповед, како што му беше наредено. 17 Овие беа Левиеви синови по име: Гирсон, Каат и Мерариј. 18 А ова се имињата на Гирсоновите синови по нивните родови: Ливниј и Семеј. 19 А Каатови синови сè по своите родови: Амрам, Исар, Хеврон и Озиил. 20 Мерарови синови сè по своите родови: Малиј и Мусиј. Тоа се Левиевите родови по нивните семејства. 21 Родот Ливниев и родот Семеев влечат лоза од Гирсона. Тоа се родови на Гирсоновците. 22 Од нив во пописот на сите машки од еден месец нагоре беа избројани седум илјади и пет стотини. 23 Родовите на Гирсоновците да ги поставуваат шаторите зад Шаторот кон запад. 24 Елисаф, синот Лаилов, беше глава на семејството на Гирсоновците. 25 Гирсоновците се грижеа, во Шаторот на средбата, за Шаторот и за неговиот покрив, за завесата на влезот во Шаторот на средбата; 26 потоа за завесите во дворот, за завесата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, за нивните јажиња и за сè друго што спаѓа во таа служба. 27 Од Каат произлегуваат: Амрамовиот род, Исаровиот род, Хевроновиот род и Озииловиот род. Тоа се родовите на Каатовците. 28 Кога беа избројани сите машки од еден месец нагоре, ги имаше осум илјади и шест стотини. Тие се грижеа за Светилиштето. 29 Каатовите родови поставуваа логор од јужната страна на Шаторот. 30 Елисафан, синот Озиилов, беше глава на родовите во Каатовиот дом. 31 Тие се грижеа за Ковчегот, за столот, за светилникот, за жртвениците и за светиот прибор со кој се служеа и, конечно, за завесата и за сè што и припаѓаше. 32 Елеазар, синот на Арона свештеникот, беше врвен главатар на левитите, Тој вршеше надгледување над оние кои се грижеа за Светилиштето. 33 Од Мерариј произлегуваа Малиевиот род и Мусиевиот род. Тоа се Мерариеви родови. 34 Од нив, при пописот на сите машки од еден месец и повеќе, беа избројани шест илјади и две стотини. 35 Сурил, синот Авихаилов, беше глава на родовите во Мерариевиот дом. Тие поставуваа логор на северната страна од Шаторот. 36 Мерариевите синови се грижеа за даските на Шаторот, за неговите лостови, за столбовите и за неговите подножја, за сиот негов прибор и за сè што спаѓа во неговата служба. 37 Освен тоа, за столбовите околу дворот, за нивните подножја, за колчињата и за јажињата. 38 А оние што ќе ги поставуваат шаторите на предната страна, пред Шаторот на средбата на источната страна, да бидат Мојсеј, Арон и нивните синови, на кои им беше доверена служба во Светилиштето во име на Израелевите синови. Странец кој би се доближил, ќе биде погубен. 39 Сите избројани од левитите од еден месец нагоре, кои Мојсеј и Арон ги избројаа, по Господова заповед, по нивните родови, беа дваесет и две илјади. 40 Господ му рече на Мојсеја: „Преброј ги сите машки израелски првороденци од еден месец нагоре па изврши попис на нивните имиња. 41 И левитите додели Ми ги Мене - Јас Сум Господ - место сите израелски првенци, а левитскиот добиток место сите првородени на добитокот на Израелевите синови.” 42 Така Мојсеј ги изброја сите израелски првороденци, како што му заповеда Господ. 43 Во пописот имаше дваесет и две илјади и две стотини и седумдесет и три имиња на сите машки првенци од еден месец нагоре. 44 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 45 „Земи ги левитите место сите израелски првороденци, а левитскиот добиток место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас Сум Господ. 46 А за откупнина на двеста седумдесет и три израелски првороденци, што ги има повеќе од левитите, 47 земи по пет шекели на глава, земи ги според храмскиот шекел: дваесет гери - еден шекел. 48 Тогаш предај им ги тие сребреници на Арона и на неговите синови за откуп на оние што се отповеќе.” 49 Така Мојсеј ги прими сребрениците како откупнина за првенците што го надминуваа бројот на оние кои беа откупени од левитите. 50 Прими од Израелевите првороденци во сребро илјада триста шеесет и пет шекели според храмската мерка. 51 По Господов налог Мојсеј им го предаде среброто за откуп на Арона и на неговите синови, како што Господ му нареди на Мојсеја.
1 Господ им рече на Мојсеја и на Арона: 2 „Одвоете ги од среде Левиевите синови главатарите на Каатовите синови по нивните родови и семејства: 3 од триесет години нагоре, сè до педесет години - сите кои можат да влезат во чета за вршење служба во Шаторот на средбата. 4 А службата на Каатовите синови во Шаторот на средбата е: грижа за Светината над светините. 5 Кога логорот тргнува на пат, Арон и неговите синови нека влезат и нека ја извадат заштитната завеса и нека го покријат Ковчегот на сведоштвото со неа. 6 Тогаш нека стават на него покривало од јазовечка кожа, а преку него нека распрострат сосем сино платно. Потоа нека ги наместат носилата на Ковчегот. 7 Преку масата за лебните приноси нека распрострат сино платно. Тогаш нека положат врз него чинии, лажици, чаши и врчви за налевници. Лебот на постојаниот принос нека биде исто на него. 8 Тоа нека го покријат со темноцрвено платно, а преку него нека префрлат покривало од јазовечка кожа. Потоа нека и ги наместат носилата на масата. 9 Потоа нека земат сино платно и нека го покријат светилникот за осветление и неговите светилки, неговите штипки, неговите пепелници и сите садови за масло, со кои се служат околу него. 10 Нека го стават со сиот негов прибор на покривало од јазовечка кожа и нека го положат на носилка. 11 Нека распрострат сино платно преку златниот жртвеник и нека го покријат со покривало од јазовечка кожа. Потоа нека му ги наместат носилата. 12 Тогаш нека го земат сиот прибор што се употребува за служба во Светилиштето па нека го стават врз синото платно и тогаш нека го покријат со покривка од јазовечка кожа. Потоа сè тоа нека го положат на носилка. 13 Нека ја сметат пепелта од жртвеникот и нека распрострат на него црвено платно. 14 Нека го положат врз него сиот прибор што се употребува во службата: кадилниците, вилушките, лопатчињата и чиниите - сите садови за жртвеникот. Тогаш нека распрострат преку него покривка од јазовечка кожа. Потоа нека ги наместат носилата. 15 Откако Арон и неговите синови ќе го завршат покривањето на Светилиштето и на сите свети садови, во часот кога логорот ќе тргне на пат, нека дојдат Каатовите потомци и нека го земат тоа со себе. Но не смеат да се допираат до светите предмети, за да не загинат. Каатовите синови ќе ги носат овие делови на Шаторот на средбата.” 16 „А Елеазар, синот на свештеникот Арон, нека се грижи за маслото за светилниците, за мирисливиот темјан, за постојаниот лебен принос и за маслото за помазание; нека се грижи за сиот Шатор, за сè што е во него - за Светилиштето и за неговиот намештај.” 17 Господ им рече на Мојсеја и на Арона: 18 „Не дозволувајте да го снема племето на Каатовите родови меѓу левитите. 19 Постапувајте вака со нив, за да не умрат, кога пристапуваат кон Светината над светините нека дојдат Арон и неговите синови за да го постават секого од нив на неговата служба и на неговата должност. 20 Тие никогаш нека не влегуваат ниту да ја погледнат Светината, кога ја покриваат, за да не загинат.” 21 Господ му рече на Мојсеја: 22 „Изврши попис и на Гирсоновите синови по нивните семејства и по нивните родови, од триесет години нагоре, сè до педесет години; 23 изброј ги сите кои можат да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата. 24 А ова е службата на Гирсоновите родови при работата и принесувањето: 25 нека ги носат: завесите на Престојувалиштето; Шаторот на средбата со неговиот покрив, покривалото од јазовечка кожа што е врз него, и завесата на влезот во Шаторот на средбата; 26 потоа, дворните завеси, завесите од вратата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, јажињата и сиот прибор за нивната служба; сè што треба да се работи околу тие нешта, нека направат! 27 Гирсоновците нека ги обавуваат сите свои должности - сè што треба да носат и сè што треба да направат - по налог на Арона и на неговите синови. Доверете им на нивната грижа сè што треба да носат. 28 Тоа е службата на родовите Гирсоновци во Шаторот на средбата. Нивната служба нека биде под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.” 29 „Изброј ги Мерариевите синови по нивните родови и семејства. 30 Запиши ги од триесет години нагоре, сè до педесет години, кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата. 31 За сето време на нивната служба во Шаторот на средбата должност им е да ги носат: даските на Шаторот, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја; 32 столбовите што го опкружуваат дворот, нивните подножја, нивните колчиња, нивните јажиња, со сиот прибор за нивната служба. И запишете ги по име предметите што им се доверени да ги носат. 33 Тоа е службата на родовите на Мерариевите синови во сè што има да прават во Шаторот на средбата под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.” 34 Мојсеј, Арон и началниците на општеството ги избројаа Каатовите синови по нивните родови и семејства - 35 сите кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата, од триесет години нагоре, сè до педесет години. 36 И избројаните по нивните родови беа две илјади и седум стотини и педесет. 37 Тоа е попис на родовите Каатовци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои ги запишаа Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја. 38 И беа избројани Гирсоновите синови по нивните родови и семејства, 39 од триесет години нагоре, сè до педесет години, сите кои можеа да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата. 40 И така, избројаните по нивните родови и семејства беа две илјади и шест стотини и педесет. 41 Тоа е попис на родовите Гирсоновци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои беа избројани од Мојсеја и Арона по Господова повелба. 42 И беа избројани родовите на Мерариевите синови по нивните родови и семејства, 43 од триесет години нагоре, сè до педесет години, на сите кои можат да влезат во одредот за служење во Шаторот на средбата. 44 И така, избројаните по нивните родови беа три илјади и двеста. 45 Тоа е попис на родовите Мерариевци, што го составија Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја. 46 И така, сите избројани левити, кои беа избројани од Мојсеја и Арона и од Израелевите началници по нивните родови и семејства, од триесет години нагоре, до педесет години, 47 сите кои беа способни за прислужување во работите и за службата на пренесување во Шаторот на средбата, 48 беа осум илјади пет стотини и осумдесет. 49 Според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја, секого го внесоа во пописот според она во што служеше и што пренесуваше. Беа избројани како што Господ му заповеда на Мојсеја.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Нареди им на Израелевите синови да ги отстранат од логорот: секој лепрозен, секој што има излив и секој што ќе се онечисти со мртво тело. 3 Отстранете ги и машките и женските! Истерајте ги надвор од живеалиштето, за да не ги онечистат своите логори, во кои престојувам Јас меѓу нив.” 4 Израелевите синови направија така: ги истераа од логорот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Израелците. 5 Господ му рече на Мојсеја: 6 „Кажи им на Израелците: ‘Кога некој маж или некоја жена направи некаков грев против човек, и кога преку тоа направи престап против Господа, и е виновен, 7 нека го признае сторениот грев, нека ја надомести штетата колку што може подобро и уште нека додаде петина кон тоа и нека му го даде на оној, кому му згрешил. 8 Ако човекот нема поблизок роднина, кому може да му биде вратен надоместокот, тоа нека Му го посветат на Господа, тоа нека биде за свештеникот, покрај овенот за очистување со кого тој ќе го очисти. 9 И секој принос од сите свети нешта, што Израелците му ги донесуваат на свештеникот, му припаѓаат нему. 10 Од секој човек посветените работи да бидат негови; и нека на свештеникот му припаѓа она што некој му го дава нему.’” 11 Господ му рече на Мојсеја: 12 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Ако некоја жена тргне по грешен пат и ако го изневери мажот си; 13 и ако некој легне со неа, а тоа остане скриено за очите на мажот и; а жената остане неоткриена иако се онечистила, па нема сведок против неа, зашто не била фатена во делото - 14 и ако сега духот на љубомората го опфати мажот и тој стане љубоморен на својата жена која се онечистила; или ако му дојде духот на љубомората и стане љубоморен на својата жена, а таа не се онечистила - 15 мажот нека ја доведе својата жена при свештеникот. Нека донесе принос за неа: една десетина ефа јачменово брашно. Нека не полива врз него масло ниту да става темјан врз него, зашто тоа е приносница за љубомора, спомен-принос, за да потсетува на беззаконието.’ 16 ‘Свештеникот нека ја поведе таа жена и нека ја постави пред Господа. 17 Сега свештеникот нека земе света вода во глинен сад и - откако ќе земе прав што е на подот на Шаторот, свештеникот нека го фрли во водата. 18 Откако свештеникот ќе ја постави жената пред Господа, нека и ја открие главата, а во нејзините раце нека го стави спомен-приносот, односно, приносот за љубомора, а свештеникот нека ја држи во раката горчливата вода, што носи проклетство. 19 Потоа свештеникот нека ја заколне жената. Нека и рече: „Ако никогаш маж не лежал со тебе и ако не си одела по страничен пат и не си се онечистила додека си била под власта на мажа си, биди поштедена од оваа горчлива вода што носи проклетство! 20 Но ако си му изневерила на мажа си и ако некој маж, освен твојот сопруг, легнал со тебе. . .” 21 Тогаш свештеникот нека ја заколне жената, нека и рече: „Господ да те постави за проклетство и за клетва среде твојот народ; да ти стори да ти овене родницата и да ти се подуе утробата! 22 Оваа вода на проклетството нека навлезе во твојата утроба! Да ти се подуе утробата од неа, а родницата да ти овене!” А жената нека рече: „Амин! Амин!” 23 ‘Потоа свештеникот нека ги напише тие проклетства на книжен свиток па нека ги измие во горчлива вода. 24 Тогаш нека ја напие онаа жена со горчливата вода што носи проклетство, за да се разлее низ неа горчливата вода и за да ја наполни со горчливост. 25 Тогаш свештеникот нека го земе од женината рака лебниот принос за љубомора, нека го принесе пред Господа како подвижна жртва и нека ја донесе на жртвеникот. 26 Откако ќе заграби полн грст од лебниот принос за спомен, нека го изгори тоа во жртвеникот. Најпосле, нека ја напие жената со водата. 27 Откако ќе ја напие со водата, ако биде онечистена, со изневерување на мажа си, водата на проклетството ќе влезе во неа и ќе ја наполни со горчливост; нејзината утроба ќе се подуе, а родницата ќе овене - таа жена ќе стане проклетство во својот народ. 28 Но ако жената не е онечстена и е чиста, тогаш ќе остане неповредена и ќе зачнува.’ 29 ‘Тоа е закон за љубомора, кога жената ќе му изневери на својот маж и кога ќе се онечисти. 30 Или кога дух на ревност ќе го опфати некој маж па ќе стане љубоморен на својата жена. Тогаш нека ја постави својата жена пред Господа, а свештеникот нека го исполни сиот овој закон. 31 Мажот нека биде слободен од вината, а жената нека го носи своето беззаконие.’”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Зборувај им на Израелевите синови и кажи им: ‘Ако некој, било маж или жена, се заветува за назирејство па ако Му се посвети на Господа, 3 нека се воздржува од вино и од секаков жесток пијалак. Нека не пие ни скиселено вино ниту скиселен опоен пијалак; а нека не пие ни некаков сок од грозје, нека не јаде грозје, ни свежо ни суво. 4 За цело време на своето назирејство не смее да јаде ништо што раѓа виновата лоза - од зрното до лушпите.’ 5 ‘Сè додека трае неговиот назирејски завет, нека не поминува брич преку неговата глава; додека не се исполни времето што Му го заветувал на Господа, нека биде посветен и нека остави косата да му расте слободно на главата.’ 6 ‘За сето време на својот завет пред Господа нека не се доближува до ниедно мртво тело. 7 Нека не се онечистува ни заради татка си, ни заради мајка си, брата си или сестра си, ако би умреле, зашто на својата глава го носи посветувањето на својот Бог. 8 Тој Му е посветен на Господа за сето време на своето назирејство.’ 9 ‘Ако некој умре одненадеж покрај него, онечистувајќи ја на тој начин неговата посветена глава, нека ја избричи својата глава на денот на своето очистување - нека ја избричи на седмиот ден. 10 А на осмиот ден нека му донесе на свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, две грлици или две гулапчиња. 11 Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев а другото како паленица, со тоа нека направи покривање на престапот за него, бидејќи згрешил заради мртовецот и ќе му ја освети неговата глава во тој ден. 12 Потоа наново нека Му ги заветува на Господа деновите на своето назирејство и нека принесе едногодишно јагне како жртва за престап. Нека не биде сметано поранешното време, зашто неговото назирејство беше онечистено.’ 13 ‘Ова е Закон за назиреец: нека го доведат при влезот на Шаторот на средбата во денот кога ќе се исполни времето на неговото назирејство. 14 Нека Му донесе на Господа како свој принос: едногодишно јагне, без недостаток, за принос за грев; еден овен, без недостаток, за помирителна жртва; 15 натаму: кошница со пресни погачи од чисто брашно, замесени со масло и непотквасени колачи, намачкани со масло, со нивниот лебен принос и со налевница. 16 Откако свештеникот ќе го донесе тоа пред Господа, нека ги принесе неговите: приносот за грев и паленицата. 17 Потоа нека Му го принесе на Господа овенот како помирителна жртва заедно со кошницата со пресни погачи. Свештеникот нека ги принесе и неговиот лебен принос и неговата налевница. 18 При влезот во Шаторот на средбата, назиреецот нека ја остриже својата глава и - откако ги земе влакната од својата посветена глава - нека ги стави во огнот под помирителната жртва. 19 Потоа свештеникот нека земе варена плешка од овенот, една незаквасена погача од кошницата и еден пресен колак и нека го положи тоа во рацете на назиреецот, откако овој ќе ја остриже главата на своето назирејство. 20 Свештеникот нека го принесе тоа како движен принос пред Господа. Тоа е светина што му припаѓа на свештеникот, освен градите на движниот принос и бедрото на воздигнатиот принос. Потоа назиреецот може да пие вино.’ 21 „Ова е Закон за назиреец, не сметајќи го она што би можела уште да принесе неговата рака. Ако освен своето назирејство ветил некаков дар, освен обредот на своето назирејство, нека направи како што се заветувал.” 22 Господ му рече на Мојсеја: 23 „Речи им на Арона и на неговите синови: ‘Благословувајте ги вака Израелевите синови, велејќи им: 24 „Господ нека те благослови и нека те чува! 25 Господ нека погледне на тебе со Своето светло лице и нека те помилува! 26 Господ нека го сврти Својот поглед на тебе и нека ти донесе мир!”‘ 27 Така нека го повикуваат Моето име над Израелевите синови, и Јас ќе ги благословувам.”
1 Во оној ден кога Мојсеј го сврши поставувањето на Шаторот и кога го помаза и го посвети со сите негови садови, а исто и жртвеникот со сите негови прибори, 2 тогаш пристапија Израелевите главатари, старешините на нивните прадедовски домови, односно племенските водачи, кои го спроведуваа пописот, 3 и ги доведоа пред Господа своите приноси: шест покриени коли и дванаесет волови - по една кола за двајца главатари и по еден вол за секој поединец. Ги доведоа пред Шаторот. 4 Тогаш Господ му проговори на Мојсеја: 5 „Прими го тоа од нив за употреба при службата во Шаторот на средбата; потоа подај му го тоа на секој левит според неговата служба.” 6 Мојсеј ги зеде колите и воловите па им ги даде на левитите. 7 Две коли и четири вола им даде на Гирсоновците според нивната служба, 8 а четири коли и осум вола им даде на Мерариевците, според нивната служба под водство на Итамар, син на свештеникот Арон. 9 На Каатовците не им даде ништо, зашто нивната задача беше да ги носат посветените нешта на раменици. 10 Тогаш началниците принесоа принос за осветување на жртвеникот во денот на неговото помазание. Додека началниците ги принесуваа своите приноси пред жртвеникот, 11 Господ му рече на Мојсеја: „Секој ден по еден началник нека го донесе својот принос за осветување на жртвеникот!” 12 Во првиот ден својот принос го донесе Насон, синот Аминадавов, од Јудиното племе. 13 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел: и едното и другото беа наполнети со чисто брашно замешано со масло, за лебен принос. 14 Потоа, една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 15 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 16 еден јарец за жртва за грев, 17 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Насона, Аминадавовиот син. 18 Во вториот ден својот принос го донесе Натанаил, Согаровиот син, кнезот на Исахаровците. 19 Како свој принос донесе: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот (храмски) шекел, двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 20 потоа една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 21 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе за паленица; 22 еден јарец за жртва за грев, 23 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Натанаила, Согаровиот син. 24 Во третиот ден својот принос го донесе началникот на Завулоновците, Елијав, синот Хелонов. 25 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 26 една златна кадилница, полна со темјан; 27 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 28 еден јарец за жртва за грев; 29 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елијава, Хелоновиот син. 30 Во четвртиот ден својот принос го донесе началникот на Рувимовците, Елисур, синот Седиуров. 31 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 32 тогаш, една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 33 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 34 еден јарец за жртва за грев, 35 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисура, Седиуровиот син. 36 Во петтиот ден својот принос го донесе началникот на Симеоновите синови, Саламил, синот Сурисадаев. 37 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 38 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 39 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 40 еден јарец за жртва за грев, 41 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Саламила, Сурисадаевиот син. 42 Во шестиот ден својот принос го донесе началникот на Гадовите синови, Елисаф, синот Рагуилов. 43 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 44 една златна кадилница од десет шекели полна со темјан; 45 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 46 еден јарец за жртва за грев, 47 а за помирница: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисафа, Рагуиловиот син. 48 Во седмиот ден својот принос го донесе началникот на Ефремовците, Елисам, син Емиудов. 49 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 50 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 51 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица, 52 еден јарец за жртва за грев; 53 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисама, Емиудовиот син. 54 Во осмиот ден својот принос го донесе началникот на Манасиевите синови, Гамалаил, синот Фадасуров. 55 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 56 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 57 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 58 еден јарец за жртва за грев, 59 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Гамалаила, Фадасуровиот син. 60 Во деветтиот ден својот принос го донесе началникот на Венијаминовите синови, Авидан, синот Гедеониев. 61 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 62 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан, 63 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 64 еден јарец за жртва за грев, 65 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Авидана, Гедеониевиот син. 66 Во десеттиот ден својот принос го донесе началникот на Дановите синови, Ахиезер, синот Амисадаев. 67 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, како лебен принос; 68 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 69 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 70 еден јарец за жртва за грев, 71 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Ахиезера, Амисадаевиот син. 72 Во единаесеттиот ден својот принос го донесе началникот на Асировците, Фагаил, синот Ехранов. 73 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 74 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 75 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; 76 еден јарец за жртва за грев, 77 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше принос на Фагаила, Ехрановиот син. 78 Во дванаесеттиот ден својот принос го донесе началникот на Нефталимовите синови, Ахиреј, синот Енанов. 79 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; 80 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; 81 еден јунец, еден овен, едно јагне од една година, за паленица; 82 еден јарец за жртва за грев, 83 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Ахиреја, Енановиот син. 84 Тоа беа приносите на Израелевите началници за осветување на жртвеникот во денот кога беше помазан: дванаесет сребрени чинии, дванаесет сребрени чаши и дванаесет златни кадилници. 85 Секоја сребрена чинија тежеше сто и триесет шекели; секоја чаша седумдесет шекели. Вкупно сребро во садовите имаше две илјади и четири стотини светилишни шекели. 86 Златни кадилници, полни со темјан, беа дванаесет; секоја кадилница тежеше десет храмски шекели. Сето злато во кадилниците тежеше сто и дваесет шекели. 87 Сиот добиток за паленици: дванаесет јунци, дванаесет овни, дванаесет едногодишни јагниња, со лебните приноси. За жртвата за грев: дванаесет јарци. 88 Сиот добиток за помирителната жртва: дваесет и четири јунци, шеесет овни, шеесет јариња и шеесет јагниња годиначиња. Тоа беа приносите за осветување на жртвеникот по неговото помазание. 89 Кога Мојсеј влегуваше во Шаторот на средбата, за да разговара со Бога, слушаше како му зборува глас одозгора од Покривот што беше на Ковчегот на сведоштвото, меѓу двата херувима. Тогаш му зборуваше.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Зборувај му на Арона и речи му: ‘Кога ќе ги палиш светилките, седум светилки нека светат на предната страна на светилникот.’” 3 Арон така и направи: ги намести светилките на предната страна на светилникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 4 Светилникот беше искован од злато; искован од своето подножје до својата чашка. Светилникот беше направен според образецот што Господ му го покажа на Мојсеја. 5 Господ му рече на Мојсеја: 6 „Земи ги левитите од меѓу Израелевите синови и очисти ги! 7 Постапи вака со нив за да ги очистиш: попрскај ги со водата за очистување, а тие нека се избричат по сето свое тело и нека ја исперат својата облека, и ќе бидат чисти. 8 Потоа нека земат еден јунец и лебен принос од пченично чисто брашно, измешано со масло. А ти земи друг јунец за жртва за грев. 9 Потоа доведи ги левитите пред Шаторот на средбата и собери го сето Израелево општество. 10 Кога ќе ги доведеш левитите пред Господа, Израелевите синови нека ги положат своите раце на нив. 11 Потоа Арон нека ги посвети левитите, како принос пред Господа, во име на Израелевите синови. Така нивната работа ќе биде да Му служат на Господа. 12 А левитите нека ги стават своите раце на главите на јунците; и принеси го едниот како жртва за грев, а другиот како паленица на Господа, за покривање на гревот на левитите. 13 Откако ќе ги поставиш левитите пред Арона и пред неговите синови, изврши над нив нивно посветување на Господа.” 14 „Одвои ги така левитите од среде Израелевите синови за да бидат Мои. 15 Потоа, откако си ги очистил и откако си ги посветил, левитите нека влезат во служба на Шаторот на средбата. 16 Зашто тие ми се подарени целосно од среде Израелевите синови; нив ги зедов за Себе место сите првенци; место сите израелски првороденци. 17 Имено, Мои се сите првенци на Израелевите синови, од луѓето и од животните; ги посветив Себеси во денот кога ги погубив сите првородени во Египетската Земја. 18 Така ги зедов левитите место сите израелски првороденци. 19 И им ги предадов левитите, од среде Израелците, како дар на Арона и на неговите синови, за да исполнуваат место Израелевите синови служба во Шаторот на средбата; за да ги очистуваат, па да не ги најде некаков помор Израелевите синови, кога ќе му се приближат на Светилиштето.” 20 Мојсеј, Арон и сета израелска заедница направија така со левитите; како што Господ му нареди на Мојсеја за левитите; така Израелевите синови и им сторија. 21 Левитите се очистија и ја испраа својата облека; и Арон ги посвети пред Господа. Арон направи покривање на гревот за да бидат чисти. 22 Потоа левитите стапија во служба во Шаторот на средбата, во присуство на Арона и на неговите синови. Како што Господ му нареди на Мојсеја за левитите, така и направија со нив. 23 Господ му рече на Мојсеја: 24 „И ова се однесува за левитите: левитите, од дваесет и пет години нагоре, нека преземаат по ред служба во Шаторот на средбата. 25 А на педесет години нека истапат од службата и веќе нека не служат. 26 Но можат да им помагаат на своите браќа во исполнување на нивните должности во Шаторот на средбата, но самите не треба да ја исполнуваат службата.
1 Во првиот месец на втората година по излезот од Египетската Земја, Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: 2 „Израелевите синови нека ја подготвуваат Пасхата во времето определено за неа. 3 Празнувајте ја во нејзиното време, во примрак, на четиринаесеттиот ден на овој месец; славете ја според сите нејзини прописи и наредби.” 4 А Мојсеј им рече на Израелците да ја подготвуваат Пасхата. 5 И тие ја подготвуваа во Синајската Пустина, во примрак, во првиот месец, на четиринаесеттиот ден на месецот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, Израелевите синови така и направија. 6 А имаше луѓе онечистени од мртовец, тие не можеа да ја подготвуваат Пасхата во оној ден. И дојдоа пред Мојсеја и Арона во истиот ден 7 па рекоа: „Станавме нечисти од мртовец; сепак, зошто да бидеме лишени од тоа да Му принесеме принос на Господа во одреденото време среде Израелевите синови?” 8 Мојсеј им рече: „Стрпете се, да чујам што ќе одреди Господ за вас.” 9 И Господ му рече на Мојсеја: 10 „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Кога некој од среде вас или од меѓу вашите потомци стане нечист од мртовец или ако е на далечен пат, сепак нека Му ја подготвуваат Пасхата на Господа. 11 Нека ја спремат во примрак на четиринаесеттиот ден на вториот месец. Нека ја јадат со бесквасни лебови и со горчливи треви; 12 нека не оставаат од неа за наутро; нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја подготвуваат според прописите за Пасха. 13 Оној кој е чист, а не е на пат, па сепак пропуштил да ја подготви Пасхата, нека биде откорнат од својот народ. Бидејќи не Му принесе на Господа жртва во одреденото време, таквиот нека го носи својот грев. 14 Ако со вас живее странец и ако Му принесува Пасха на Господа, нека ја принесува според нејзините прописи и обреди. Нека биде едно правило за вас: и за странецот и за домородецот.’” 15 Во денот кога беше поставен Шаторот облак го покри Шаторот, Шаторот на сведоштвото. Облакот стоеше во вид на оган над Шаторот од вечер до утро. 16 Така облакот го засолнуваше непрекратно, а ноќе беше како оган. 17 Кога облакот се дигаше од Шаторот, тогаш Израелевите синови тргнуваа; а каде што облакот застануваше, таму Израелевите синови се настануваа. 18 По Господова заповед Израелците тргнуваа на пат, и по Господова заповед застануваа во логор. За сето време додека облакот стоеше над Шаторот тие остануваа во логорот. 19 Ако облакот стоеше долго над Шаторот, Израелците го слушаа Господовиот налог и не тргнуваа на пат. 20 Но ако се случеше облакот да остане над Шаторот малку време, тие по Господова повелба остануваа во логорот и по Господова повелба тргнуваа пак на пат. 21 Ако облакот се дигнеше, откако се задржал од вечерта до утрото, тие тогаш тргнуваа наутро на пат. Дење или ноќе, кога облакот ќе се дигнеше, тие тргнуваа на пат. 22 Два дена или месец или година - додека облакот остануваше над Шаторот - Израелевите синови остануваа во логорот, не тргнувајќи на пат, а штом ќе се дигнеше, тие тргнуваа. 23 По Господова повелба стоеја во логорот и по Господова повелба тргнуваа на пат. Го пазеа Господовиот налог, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Направи си две труби; направи ги од ковано сребро. Нека ти служат за свикување на заедницата и за раздвижување на логорот. 3 Кога ќе се затруби со нив, сета заедница нека се собере кон тебе при влезот во Шаторот на средбата. 4 Ако се затруби во една, нека се соберат кон тебе Израелевите главатари, илјадниците. 5 Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици, нека тргнат логорите поставени на источната страна. 6 Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици по вторпат, нека тргнат логорите поставени на јужната страна: свирењето со труби нека биде придружено со бојни извици за да тргнат тие. 7 Трубете за да го соберете општеството, но без бојни извици. 8 Свештениците, синовите Аронови, нека трубат во трубите. Тоа нека ви биде вечен закон за вашите поколенија. 9 Кога во вашата земја ќе тргнете во војна против непријателот, што ќе ве притисне, затрубите во трубите со боен извик, и Господ, вашиот Бог, ќе се сети за вас, и ќе бидете избавени од вашите непријатели. 10 Трубите во труби во денот на вашите свечености, на вашите празници или на вашите млади месечини, додека ги принесувате вашите паленици и помирителни жртви. Тоа нека биде спомнување за вас пред вашиот Бог. Јас Сум Господ, ваш Бог.” 11 Во втората година, во вториот месец, во дваесеттиот ден на месецот, облакот се дигна над Шаторот на сведоштвото. 12 Тогаш Израелевите синови се запатија од Синајската Пустина на своите патувања. Облакот застана во пустината Фаран. 13 Така тргнаа за првпат според Господовата заповед дадена на Мојсеја. 14 Знамето на логорот на Јудините синови, по нивните чети, тргна прво. Насон, синот Аминадавов, беше над нивната војска; 15 Натанаил, синот Суаров, беше над војската на племето на Исахаровците; 16 а Елијав, синот Хелонов, беше над војската на племето на Завулоновите синови. 17 Потоа, откако беше разглобен Шаторот, Гирсоновците и Мерариевците тргнаа, носејќи го Шаторот. 18 Потоа тргна знамето на Рувимовиот логор, по нивните чети. Елисур, синот Седиуров, беше над нивната војска; 19 Селумил, синот Сурисадаев беше над војската на племето на Симеоновците; 20 Елисаф, синот Рагуилов беше над војската на племето на Гадовите синови. 21 Потоа тргнаа Каатовите синови носејќи го Светилиштето. Шаторот беше поставуван пред нивното доаѓање. 22 Тогаш тргна знамето на логорот на Ефремовите синови, по нивните чети. Елисам, синот Емиудов, беше над нивната војска; 23 Гамалил, синот Фадасуров, беше над војската на племето на Манасиевците; 24 Авидан, синот Гедеониев, беше над војската на племето на Венијаминовите синови. 25 Последно, како задна стража на сите логори, тргна знамето на логорот на Дановите синови, по нивните чети. Ахиезер, синот Амисадаев, беше над нивната војска; 26 Фагеил, синот Ехранов, беше над војската на племето на Асировите синови; 27 а Ахиреј, синот Енанов, беше над војската на племето на Нефталимовите синови. 28 Таков беше редот на патувањето на Израелците, подредени во нивните чети. Така патуваа. 29 Мојсеј му рече на Јовав, син на Мадијамецот Рагуил, Мојсеевиот дедо: „Се запативме во крај за кој Господ рече: ‘Ќе ви го дадам!’ Тргни со нас, и ќе ти направиме добро, зашто Господ му вети среќа на Израел.” 30 „Не идам - му одговори - туку се враќам во својата земја, се враќам при своите.” 31 „Те молам, не нè оставај! - му рече. Бидејќи знаеш каде треба да се настаниме во пустината, ќе ни бидеш како очи. 32 Ако тргнеш со нас ќе ги делиме, со тебе, добрините што Господ ќе ни ги додели.” 33 Од Господовата Гора патуваа три дни одење. Ковчегот на Господовиот Завет одеше пред нив во текот на трите дни на одењето за да им побара место за починка. 34 Дење пак Господовиот облак беше над нив кога тргнуваа од логорот. 35 Кога тргнуваше Ковчегот, Мојсеј велеше: „Стани, Господи, и ќе се распрснат Твоите непријатели! Ќе избегаат пред Тебе, кои Те мразат!” 36 А кога застануваше, велеше: „Врати се, о, Господи, кон Израелевите илјади и десетиците илјади!”
1 И народот почна да мрмори злобно во Господовите уши. Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев. Господов оган избувна среде нив и изгоре еден крај на логорот. 2 Народот извика кон Мојсеја, а Мојсеј Му се помоли на Господа, и огнот стивна. 3 Тоа место го нарекоа Тавера, зашто Господов оган пламна на нив таму. 4 Придојдениците среде нив ги опфати лакомство за јадење. А и Израелците пак почнаа да се поплакуваат, велејќи: „Кој ќе нè насити со месо! 5 Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук. 6 Сега нашиот живот венее, нема ништо пред нашите очи освен мана.” 7 Маната беше како коријандрово семе и слична на боја од вделиј. 8 Народот одеше наоколу, ја собираше, а потоа ја мелеше со рачници или ја толчеше во толчник. Ја вареше во грнче и правеше колачиња од неа. Вкусот и беше како вкус на колачиња зготвени со масло. 9 Кога, ноќе, росата се спушташе во логорот, со неа се спушташе и маната. 10 Мојсеј слушаше како народот се поплакува во своите семејства, секој при влезот на својот шатор. Господовиот гнев пламна жестоко, и Мојсеј се нажали: 11 „Зошто го измачуваш Твојот слуга? - Мојсеј Му упати слово на Господа. Зошто не добив милост во Твоите очи, кога врз мене го стави теретот за сиот овој народ? 12 Зар од мене произлегува сиот овој народ? Зар јас го родив, кога ми велиш: ‘Носи го во твоето крило, како што доилката го носи доилчето,’ во земјата што со заклетва им ја вети на нивните татковци! 13 Откаде кај мене месо за да му го дадам на сиот овој народ, што плаче околу мене, велејќи: ‘Дај ни месо да јадеме!’ 14 Јас самиот не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене. 15 Ако и понатаму постапуваш вака со мене, подобро убиј ме; ако најдов милост во Твоите очи, за да не ја гледам повеќе својата беда.” 16 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Собери ми седумдесет мажи меѓу Израелевите старешини, за кои знаеш дека се народни старешини и негови надгледувачи. Доведи ги во Шаторот на средбата, па нека ги заземат таму своите места со тебе. 17 Јас ќе слезам и таму ќе зборувам со тебе; ќе земам од духот што е на тебе и ќе го ставам на нив. Така, со тебе, ќе го носат бремето на народот, за да не го носиш сам. 18 Натаму, кажи му на народот: ‘Очистете се за утре, и ќе јадете месо, зашто плачевте во Господовите уши, говорејќи: „Кој ќе нè насити со месо? Ни беше добро во Египет.” И така, Господ ќе ви даде месо да јадете. 19 Нема да го јадете само еден ден, ни пет дена, ни десет дена, ни дваесет денови; 20 туку цел месец, сè додека не ви избие низ носалките и не ви се згади, зашто Го отфрливте Господа Кој е среде вас, мрморејќи пред Него со зборовите: „Зошто воопшто излеговме од Египет?!”‘„ 21 „Народот во кој се наоѓам - одговори Мојсеј - има шест стотини илјади пешаци, а Ти велиш: ‘Ќе им дадам месо да јадат цел месец.’ 22 Може ли да биде исклан целиот ситен и крупен добиток за да им биде доволно? Можат ли да се соберат сите риби од морето за да им биде доста?” 23 Господ му рече на Мојсеја: „Зар Господовата рака е толку кратка? Сега ќе видиш дали ќе се збидне Моето слово или не.” 24 Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот. 25 Господ слезе во облак и почна да зборува со нив. Потоа зеде од Духот што беше на него и го стави на оние седумдесет старешини. Кога Духот дојде на нив, почнаа да пророкуваат, но тоа не го повторија уште еднаш. 26 Двајца останаа во логорот. На едниот името му беше Елдад, а на другиот Модад. Духот слезе и на нив - беа и тие меѓу запишаните, иако не дојдоа при Шаторот - тие почнаа да пророкуваат во логорот. 27 Некој младец отрча и му јави на Мојсеја: „Елдад и Модад - рече - пророкуваат во логорот!” 28 Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!” 29 Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!” 30 Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот. 31 Тогаш Господ заповеда па задува ветер и донесе потполошки од морето и ги расфрла околу логорот, на ден одење и од оваа и од онаа страна на логорот, и два лакти над земјата. 32 Народот стана и собираше потполошки целиот ден, целата ноќ и целиот утрешен ден. Оној кој собра најмалку од нив имаше десет гомори. Потоа ги простреа околу логорот. 33 Месото уште беше меѓу нивните заби - уште не го сожвакаа - кога пламна Господовиот гнев против народот: Господ го удри народот со страшен помор. 34 Она место беше наречено Киврот Атава (Гробница на Лакомост), зашто таму ги закопаа оние што се полакомија. 35 Од Киврот Атава народот се запати во Асирот; и се настанија во Асирот.
1 А Маријам и Арон почнаа да зборуваат против Мојсеја заради неговата жена Етиопка, за која се ожени, зашто беше зел за жена една Етиопка. 2 „Зар Господ му зборува само на Мојсеја? - рекоа. - Зар не ни зборуваше и нам?” Господ го чу тоа. 3 Мојсеј беше мошне скромен човек, најскромен човек на земјата. 4 И Господ им рече веднаш на Мојсеја, на Арона и на Маријам: „Вие тројцата јавете се во Шаторот на средбата.” Тие тројца се јавија. 5 Господ слезе во облачен столб и застана при влезот на Шаторот. Ги повика Арона и Маријам. Кога тие истапија напред, 6 Господ рече: „Чујте ги Моите зборови: Ако се најде пророк среде вас, Јас му се јавувам нему во видение, му говорам на сон. 7 Но не е така со Мојот слуга Мојсеј. Од сите во Мојата куќа тој е најверен. 8 Јас му зборувам нему уста во уста, јавно, а не со гатанки, и тој смее да го гледа Господовиот лик. Како тогаш не се плашевте да зборувате против Мојот слуга Мојсеја?” 9 Откако пламна со гнев против нив, Господ си отиде. 10 Штом облакот се оддалечи од Шаторот, ете, Маријам стана лепрозна, како потурена со снег. Арон се сврте кон Маријам, а лепрата беше на неа. 11 Тогаш Арон му рече на Мојсеја: „Господару мој, не сметај ни за грев, зашто постапивме глупо и согрешивме. 12 Не оставај таа да остане како мртво дете на кое, веќе при излегувањето од мајчината утроба, снагата му е напола уништена!” 13 Тогаш Мојсеј извика кон Господа: „Боже, Те молам, оздрави ја!” 14 „Ако нејзиниот татко и плукнал во лицето - Господ му рече на Мојсеја - зар не ќе требаше да се срами седум денови? И таа нека биде одвоена надвор од логорот седум денови, па потоа нека биде прибрана пак.” 15 Така Маријам беше одвоена надвор од логорот седум денови. Народот не тргна на пат додека Маријам не се прибра пак. 16 Потоа народот тргна од Асирот и се настани во Фаранската Пустина.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Испрати луѓе, по еден човек од секое прадедовско племе, за да ја извидат Ханаанската Земја, што им ја давам на Израелевите синови. Испратете ги сите нивни главатари!” 3 По Господова заповед Мојсеј ги испрати од Фаранската Пустина. Сите тие луѓе беа главатари на Израелците. 4 А ова се нивните имиња: Самоил, син Захуров, од Рувимовото племе; 5 Сафат, син Хориев, од Симеоновото племе; 6 Халев, син Ефониев, од Јудиното племе; 7 Игал, син Јосифов, од Исахаровото племе; 8 Осиј, син Навинов, од Ефремовото племе; 9 Фалтиј, син Рафуев, од Венијаминовото племе; 10 Гадиил, син Содиев, од Завулоновото племе; 11 Гадиј, син Сусиев, од Јосифовото племе, од Манасиевото племе; 12 Амил, син Гамалиев, од Дановото племе; 13 Сетур, син Михаилов од Асировото племе; 14 Навиј, син Вопсиев, од Нефталимовото племе; 15 Гуел, син Макхиев, од Гадовото племе. 16 Тоа се имињата на луѓето кои ги испрати Мојсеј за да ја извидат земјата. 17 Мојсеј ги испрати да ја согледаат Ханаанската Земја па им рече: „Одете горе во Негев, и искачете се на гората. 18 Разгледајте ја каква е земјата. Дали народот, што живее во неа, е силен или слаб, дали е малуброен или е многуброен? 19 Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени? 20 Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.” Туку што беше време на раното грозје. 21 Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат. 22 Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет. 23 Кога стигнаа во долината Есхол, отсекоа таму лоза со грозд и го понесоа, двајца, на стап; зедоа и калинки и смокви. 24 Тоа место беше наречено Долина Есхол, заради гроздот што Израелците го отсекоа таму. 25 По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа. 26 Отидоа при Мојсеја и Арона и при целото Израелско општество во Кадис, во Фаранската Пустина. Им поднесоа извештај ним и на целата заедница, а тогаш им ги покажаа плодовите на земјата. 27 И тие го известија: „Отидовме во земјата во која што нè испрати. Навистина низ неа течат мед и млеко. Еве ги нејзините плодови. 28 Но силен е народот што живее во земјата, градовите се утврдени и многу се големи. А видовме таму и Енакови потомци. 29 Амаликците живеат во Негевскиот крај; Хетејците, Евусејците и Аморејците живеат на планината, а Ханаанците се наоѓаат покрај морето и вдолж на Јордан.” 30 Халев го замолчи народот околу Мојсеја и проговори: „Да тргнеме не двоумејќи се и да ја заземеме, зашто можеме да ја покориме!” 31 Но луѓето кои одеа со него одговорија: „Не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас.” 32 И почнаа да ја прикажуваат лошо, пред Израелците, земјата што ја согледуваа: „Земјата низ која поминавме за да ја извидиме е земја што ги голта своите жители. Сиот народ што го видовме во неа се луѓе со крупен раст. 33 Видовме и дивови таму - Енаковото потомство од дивови. Ни се чинеше дека сме како скакулци спрема нив.”
1 Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ. 2 Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава! 3 Зошто Господ нè води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!” 4 И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!” 5 Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница. 6 А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека. 7 Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра. 8 Ако ни биде Господ милостив, ќе нè доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко. 9 Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!” 10 И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови. 11 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе Ме презира тој народ? До кога не ќе Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив среде нив? 12 Ќе ги удрам со помор и ќе ги истребам, а од тебе ќе направам народ поголем и посилен од него.” 13 Тогаш Мојсеј Му рече на Господа: „Египетците сфатија дека Ти, со Твојата сила, го изведе овој народ отсреде нив. 14 Тие им го кажаа тоа на жителите на онаа земја. Веќе научија дека Ти си, Господи, среде овој народ, кому му се јавуваш лице во лице, и дека Ти, Господи, стоиш во облак над него, дека одиш пред него дење во столб од облак, а ноќе во столб од оган. 15 Затоа, ако го истребиш овој народ како еден човек, народите што чуја глас за Тебе, ќе речат: 16 ‘Господ беше немоќен да го доведе овој народ во земјата што му ја вети под заклетва, и затоа го погуби во пустината.’ 17 Затоа нека се возвеличи силата на Мојот Господ, како што рече, велејќи: 18 ‘Господ е долготрпелив и многумилостив; ги проштава беззаконијата и престапите, но не го остава виновниот неказнет, туку го казнува безаконието на татковците врз децата до третото и четвртото поколение.’ 19 Прости му го гревот на овој народ, по Твојата голема милост, како што му проштаваше на овој народ од Египет дотука.” 20 „Им проштавам, на твојот збор - рече Господ. 21 Но Јас Сум жив и со Господовата слава е полна целата земја! 22 Сите кои ги видоа: Мојата слава и знаците што ги направив во Египет и во пустината, па сепак ме искушуваа десетпати не сакајќи да го послушаат Мојот глас, 23 нема да ја видат земјата што со заклетва им ја ветив на нивните татковци; сите, кои Ме презираат, нема да ја видат. 24 А Мојот слуга Халев, зашто во него беше инаков дух и зашто ми беше послушен, Јас ќе го воведам него во земјата во која влезе, и неговите потомци ќе ја наследат! (Амаликците и Ханаанците живеат во долината). 25 Вратете се утре и тргнете кон Црвеното Море.” 26 Уште Господ им рече на Мојсеја и Арона: 27 „До кога тоа лукаво општество ќе ропта против Мене? Ги чув оптужбите што Израелевите синови ги подигаат против Мене. 28 Кажи им: ‘Жив Сум Јас, вели Господ, како што зборувавте во Моите уши, така и ќе ви сторам. 29 Вашите мртви тела ќе паднат во оваа пустина: на сите вас што сте запишани во кој и да е попис од дваесет години нагоре, кои викавте против Мене. 30 Нема да влезете во земјата, против која ја дигнав Мојата рака, за да ве населам во неа, освен Халев, синот Ефониев, и Исус синот Навинов. 31 А вашите деца, за кои велевте дека ќе станат робови, нив ќе ги воведам за да ја населат земјата што вие ја презревте. 32 А вие! Вашите трупови ќе паднат во пустинава! 33 Вашите синови ќе скитаат низ пустината четириесет години, ќе трпат заради вашата невера додека не ви испопаѓаат телата во пустинава. 34 Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата - четириесет денови; за секој ден една година - четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене. 35 Јас, Господ, го велам тоа: така ќе постапам со оваа зла заедница, што се собрала заедно против Мене: сите тие ќе загинат и ќе изумрат во пустинава.’” 36 А оние луѓе, кои Мојсеј ги испрати да ја согледаат земјата, и кои по враќањето го возмутија целото општество против него, прогласувајќи ја земјата за лоша; 37 тие, кои ја прикажаа земјата како лоша, изумреа од помор пред Господа. 38 Само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, останаа живи од оние луѓе, кои отидоа да ја согледаат земјата. 39 Кога Мојсеј им ги пренесе зборовите на Израелците, луѓето плачеа горчливо, 40 станувајќи рано, почнаа да се искачуваат кон врвот на гората, велејќи: „Еве се искачуваме кон местото за кое зборуваше Господ, зашто згрешивме.” 41 А Мојсеј рече: „Зошто ја престапувате Господовата заповед? Не ќе успеете. 42 Не одете горе, оти Господ не е помеѓу вас, да не би да ве поразат вашите непријатели. 43 Зашто Амаликците и Ханаанците таму се пред вас, и ќе паднете од меч; зашто отстапивте од Господа и затоа Господ не ќе биде со вас.” 44 Но тие се искачуваа упорно кон врвот на гората, иако ни Ковчегот на Господовиот Завет ни Мојсеја не го оставија логорот. 45 Амаликците и Ханаанците, кои живееја на планината, слегоа, удрија на нив и ги гонеа сè до Хорма.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата во која ќе живеете и која Јас ви ја давам, 3 и кога ќе почнете да Му принесувате жртва на Господа: паленица или закланица, жртва заветница или доброволна, или принос по повод вашите празници - правејќи така од крупниот или од ситниот добиток пријатен мирис за Господа - 4 жртвоприносникот нека го принесе својот дар на Господа: лебен принос од десет ефи чисто брашно, измешано со четврт ин масло. 5 Покрај паленицата или покрај закланицата принеси четвртина ин вино за налевница на секое јагне. 6 А принесувајќи овен, принеси и лебен принос: две десетини ефи пченично чисто брашно, измешано со една третина ин масло; 7 принеси и вино за налевница третина ин за благоугоден мирис на Господа. 8 Ако Му принесуваш на Господа јунец како паленица или како закланица, за да исполниш завет или како помирителна жртва, 9 тогаш покрај јунецот нека се принесат: три десетини ефа пченично чисто брашно, измешано со половина ин масло, 10 а за налевница принеси половина ин вино, како паленица за пријатен мирис на Господа.’ 11 ‘Така нека се постапи при секое принесување на вол, на овен, и на секоја глава ситен добиток, овца или коза: 12 колку и да ги принесете, направете така за секое одделно, според нивниот број. 13 Секој роден во татковината нека постапува вака, кога принесува палена жртва за пријатен мирис на Господа. 14 И ако некој туѓинец, кој живее среде вас, или ќе биде среде вашите потомци, посака да принесе паленица за благоугоден мирис на Господа, нека прави така како што правите и вие. 15 Нека е еден закон и за вас и за туѓинецот, кој живее среде вас. Тоа е вечен закон за вашите поколенија: пред Господа, како што е со вас, така нека биде и со странецот, кој живее среде вас. 16 Еден закон и една заповед да е за вас и за туѓинецот кој е придојден меѓу вас.’” 17 Господ му рече на Мојсеја: 18 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе дојдете во земјата во која ве водам, 19 и кога ќе го јадете лебот на таа земја, принесете Му воздигнат принос на Господа. 20 Како првина од своето тесто принесете еден колач како воздигнат принос; принесете го како и воздигнат принос од гумното. 21 Од првините на своето тесто давајте Му на Господа воздигнат принос од поколение до поколение.’ 22 ‘Ако згрешите неволно и не исполнувате некоја од заповедите што Господ ги соопшти преку Мојсеја - 23 сè што Господ ви нареди преку Мојсеја, оттогаш кога ви ги даде заповедите па натаму од колено до колено - 24 тогаш: ако е направено тоа поради невнимание скришно од општеството, целото општество нека принесе еден јунец како паленица за пријатен мирис на Господа со лебен принос и со налевница, според правилникот, и еден јарец во жртва за грев. 25 И свештеникот ќе направи покривање на гревот за целото општество на Израелевите синови, па ќе им биде простено; зашто тоа беше грешка, а тие го принесоа својот дар - палена жртва на Господа - и принос за грев пред Господа за своето невнимание. 26 Ќе и биде простено на сета израелска заедница, а така и на странецот, кој живее среде нив, зашто целиот народ згреши од незнаење.’ 27 ‘Ако згреши поединец од незнаење, нека принесе едно женско јаре годиначе како жртва за грев. 28 И свештеникот ќе направи покривање на гревот за човекот, кој згрешил неволно од незнаење, и ќе биде чист, и ќе му биде простено. 29 Кога некој ќе згреши од невнимание, нека ви важи еден закон и за домородецот и за странецот, кој живее среде вас. 30 Но оној кој направи нешто волно, било да е роден во татковината или странец, тој хули на Господа. Таквиот нека биде истребен од својот народ, 31 зашто го презре Господовото слово и ја прекрши Неговата заповед. Таквиот нека биде истребен. Неговата вина нека падне на него!’” 32 Кога Израелевите синови беа во пустината, најдоа човек како бере дрва во саботен ден. 33 И тие, кои го најдоа дека бере дрва, го доведоа при Мојсеја и Арона и при целото општество. 34 Го ставија под стража, зашто уште не беше одредено што треба да се прави со него. 35 „Човекот треба да биде погубен! - му рече Господ на Мојсеја. Сето општество нека го затрупа со камења надвор од логорот.” 36 Целата заедница го изведе надвор од логорот и го каменува, и тој загина, како што Господ му заповеда на Мојсеја. 37 Господ му рече на Мојсеја: 38 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: Нека прават реси на рабовите на своите облеки, од род до род; а за ресата на секој раб нека врзуваат сина врвца. 39 Ќе имате реси за да ве потсетува погледот врз нив на сите Господови заповеди. Исполнувајте ги, а не се занесувајте со своето срце и со своите очи што толку лесно ве заведуваат во неверие. 40 Така ќе си спомнувате за сите Мои заповеди, ќе ги исполнувате и ќе бидете свети пред вашиот Бог. 41 Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја за да ви бидам Бог. Јас, Господ, вашиот Бог.”
1 Кореј, син Исаров, син Каатов, син Левиев, па Датон и Авирон, синови Елијавови, и Авнан син Фалетов - Рувимови потомци - 2 се дигнаа против Мојсеја заедно со двеста и педесет Израелеви синови, главатари на заедницата, угледни во собранието и познати луѓе. 3 Тие се собраа околу Мојсеја и Арона, велејќи им: „Вие ја преминувате мерата! Сета заедница, сите нејзини членови, се свети, Господ е и среде нас. Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!” 4 Кога Мојсеј го чу тоа, падна на своето лице. 5 Потоа им рече на Кореј и на целата негова дружина: „Утре Господ ќе покаже кој е Негов, и кој е свет, и кому му дозволува да Му се приближи. Кого ќе избере, и кого ќе го пушти при Себе. 6 Направете вака: земете кадилници, Кореј и сите негови содружници; 7 утре ставете во нив оган и посипете одозгора темјан пред Господа. Кого Господ ќе го избере, тој нека биде свет. Вие ја преминувате мерата, синови Левиеви.” 8 Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Почујте, Левиеви синови! 9 Зар ви е малку што Израелевиот Бог ве издвои од Израелевото општество, за да ве приближи кон Себе за да ја вршите службата во Господовиот Шатор, и да стоите пред заедницата служејќи и? 10 Те доближи тебе и со тебе сите твои браќа, Левиеви синови; а вие уште барате и свештенство! 11 Ти и сета твоја дружина, така, се собравте против Господа; зашто кој е Арон за да викате против него?” 12 Потоа Мојсеј испрати по Датан и Авирон, синовите Елијавови, но тие одговорија: „Не доаѓаме! 13 Зар е малку што нè изведе од земјата во која течат мед и млеко за да нè погубиш во пустинава; па сакаш насилно да загосподариш над нас? 14 Не нè воведе во земја во која течат мед и млеко и не ни даде во наследство ниви и лозови насади! Сакаш ли да им ги ослепиш очите на луѓево! Не доаѓаме!” 15 Мојсеј се налути многу и Му рече на Господа: „Не обѕрнувај се на нивните приноси! Не присвоив ниту едно нивно осле, ниту оштетив некого од нив.” 16 Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Ти и сета твоја дружина истапете утре пред Господа; ти и тие, и Арон. 17 Секој нека ја земе својата кадилница, нека стави темјан во неа и секој нека ја донесе својата кадилница пред Господа - двеста и педесет кадилници. А и ти и Арон донесете ја секој својата кадилница.” 18 Секој ја зеде својата кадилница, стави оган во неа, потоа одозгора посипа темјан и застана, со Мојсеја и Арона, кај влезот во Шаторот на средбата. 19 Кога - спроти нив - Кореј го собра целото општество при влезот во Шаторот на средбата, тогаш Господовата слава и се покажа на сета заедница. 20 И Господ им рече на Мојсеја и Арона: 21 „Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!” 22 Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!” 23 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 24 „Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’” 25 Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини. 26 И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.” 27 Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца. 28 „По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе: 29 ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил. 30 Но ако Господ направи нечуено: ако земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со сè што е нивно, па ако слезат живи во подземјето, тогаш знајте дека овие луѓе Го презреа Господа.” 31 А кога тој ги заврши сите тие зборови, почвата под нив распука; 32 земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со нивните домови, со сите Корееви луѓе и со сиот нивен имот. 33 Живи слегоа во подземјето, тие и сè нивно. Потоа земјата се затвори над нив, и тие исчезнаа од собранието. 34 На нивниот писок сите Израелеви синови, кои стоеја околу нив, избегаа, говорејќи: „Да не нè проголта и нас земјата!” 35 Но оган избувна од Господа и ги голтна двеста и педесетте луѓе кои принесуваа темјан. 36 Господ му рече на Мојсеја: 37 „Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон да ги отстрани кадилниците од пожариштето, зашто се осветени, а неосветениот оган од нив нека го распрсне подалеку. 38 Кадилниците на оние кои згрешија и кои со гревот го закопаа животот нека се прековат во плочки за обложување на жртвеникот. Имено, беа донесени пред Господа, па се осветени. Нека им бидат опомена на сите Израелеви синови!” 39 Така свештеникот Елеазар ги зеде бронзените кадилници што ги принесоа оние кои изгореа; ги прековаа во плочки за обложување на жртвеникот. 40 Тие се опомена за Израелевите синови дека никој неповикан - никој кој не е од Ароновото поколение - не смее да се приближи да пали темјан пред Господа, за да не му се случи како на Кореј и на неговата дружина, според она што Господ му кажа преку Мојсеја. 41 Утреден целото општество на Израелевите синови возропта против Мојсеја и Арона: „Го истепавте Господовиот народ!” зборуваа. 42 Додека заедницата се собираше против Мојсеја и Арона, тие се свртија кон Шаторот на средбата, и ете, облак го покри и Господовата слава се јави. 43 Тогаш Мојсеј и Арон отидоа пред Шаторот на средбата. 44 И Господ му рече на Мојсеја: 45 „Оддалечете се од заедницата; ќе ги погубам во еден миг!” Но тие паднаа на своите лица. 46 Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Земи кадилница, стави оган од жртвеникот во неа, сложи темјан и побрзај до заедницата, па застапи се за неа, зашто Господовиот гнев избувна, и злото почна!” 47 Арон зеде што му рече Мојсеј и отрча среде собранието, а кога таму: поморот почнал веќе меѓу народот. 48 Потоа застана меѓу мртвите и живите, и злото запре. 49 Од тоа зло беа четиринаесет илјади и седум стотини мртви, освен оние кои загинаа заради Кореј. 50 Арон се врати кај Мојсеја, кон влезот на Шаторот на средбата: и поморот запре.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Образложи им на Израелевите синови и земи од нив по еден жезал за секој прадедовски дом; земи дванаесет жезли од сите нивни старешини за нивните прадедовски домови. Името на секого напиши го врз неговиот жезал. 3 А бидејќи има по еден жезал за секој началник на прадедовските домови, Ароновото име напиши го врз Левиевиот жезал. 4 Тогаш положи ги во Шаторот на средбата пред Сведоштвото; таму каде што Јас ви се јавувам вам. 5 Жезалот на човекот кого ќе го изберам ќе расцвета. Така ќе го смирам ропотот на Израелевите синови, со кого роптаат против вас.” 6 Мојсеј им кажа на Израелевите синови така. Сите нивни началници му дадоа жезал, по еден жезал за секој старешина, и така, дванаесет жезли за нивните прадедовски домови. Меѓу нивните жезли беше и Ароновиот жезал. 7 Мојсеј ги положи жезлите пред Господа во Шаторот на сведоштвото. 8 Кога на другиот ден Мојсеј влезе во Шаторот на сведоштвото, ете: Ароновиот жезал, од Левиевиот дом, распупел! Потерала млада гранка, расцветал цвет и созреале бадеми. 9 Тогаш Мојсеј им ги изнесе од пред Господа, сите жезли на Израелевите синови. Тие ги разгледаа, а потоа секој го зеде својот жезал. 10 Господ му рече на Мојсеја: „Положи го пак Ароновиот жезал пред Сведоштвото, на чување, како знак за непокорните, за да прекрати нивното роптање против Мене и за да не изгинат.” 11 И Мојсеј направи: како што Господ му заповеда, така направи. 12 „Изгинавме - му рекоа Израелевите синови на Мојсеја. Пропаднавме! Сите редум гинеме! 13 Секој, кој ќе се приближи до Господовиот Шатор, умира. Зар ќе изгинеме сите?”
1 Тогаш Господ му рече на Арона: „Ти, твоите синови и твојот прадедовски дом, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите во Светилиштето; ти и твоите синови, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите на вашето свештенство. 2 Придружи ги кон себе и твоите браќа од Левиевото племе - од твојот прадедовски дом - нека ти се приклучат за да ви прислужуваат, тебе и на твоите синови со тебе, пред Шаторот на сведоштвото. 3 Нека исполнуваат служба за тебе и за сиот Шатор, но нека не се доближуваат до работите на Светилиштето ниту до Жртвеникот, за да не загинете и тие и вие. 4 И така, нека ти бидат придружени тебе и нека се грижат за Шаторот на средбата, за секоја служба околу Шаторот. И ниеден странец нека не ви се доближува вам, 5 а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови. 6 Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата. 7 Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сè што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.” 8 Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сè што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав. 9 Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови! 10 Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети! 11 И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа. 12 Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино. 13 Твои нека бидат првите родови од сè во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде. 14 Сè, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое. 15 Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток. 16 Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери. 17 Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа. 18 Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка. 19 Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе. 20 Немај наследство во нивната земја - му рече Господ на Арона - ниту придобивај сопственост среде нив! Јас Сум твој дел и твое наследство среде Израелевите синови.” 21 „Еве, на Левиевите синови им ги давам во наследство сите десетоци во Израел за нивната служба - за службата што ја вршат во Шаторот на средбата. 22 А Израелевите синови веќе нека не се доближуваат до Шаторот на средбата, за да не навлечат грев врз себе и да не загинат. 23 Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови. 24 Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’” 25 Господ му рече на Мојсеја: 26 „Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот. 27 Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва. 28 Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон. 29 Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сè она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’ 30 Уште речи им: ‘Откако ќе го принесете она од најдобриот дел, тоа нека им се засмета на левитите како приход од гумно и приход од бочва. 31 Можете да го јадете на секое место, вие и вашите домашни, зашто тоа ви е награда за вашата служба во Шаторот на средбата. 32 Откако ќе го принесете неговиот најдобар дел, нема да навлечете грев врз себе; не ќе ја онечистите светината од Израелевите синови, па нема да загинете.’”
1 Господ им рече на Мојсеја и Арона: 2 „Ова е законска одредба што Господ ја нареди: Кажи им на Израелевите синови нека ти доведат црвена јуница, здрава, на која нема недостатоци и врз која уште не е ставено јарем. 3 А вие предајте ја на свештеникот Елеазар. Потоа нека ја изведат надвор од логорот и нека ја заколат пред него. 4 Свештеникот Елеазар нека земе од нејзината крв на својот прст па со неа нека попрска седумпати кон предната страна на Шаторот на средбата. 5 Потоа јуницата нека биде запалена пред неговите очи; нека и ги изгорат: кожата, месото, крвта и нечистотата. 6 Потоа свештеникот нека земе кедрово дрво, босилек и црвено предено и нека ги фрли во средината на огнот, каде гори јуницата. 7 Свештеникот нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода. Потоа свештеникот нека се врати во логорот, но нека биде нечист до вечерта. 8 И оној што ја изгорел нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода и нека биде нечист до вечерта. 9 А еден чист човек нека ја собере пепелта од јуницата па да ја стави надвор од логорот на чисто место, да се чува за водата на очистување за израелската заедница. Тоа е жртва за грев. 10 И оној кој ќе ја собере пепелта од јуницата нека ја испере својата облека, и нека биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечен закон и за Израелевите синови и за странците, кои живеат среде нив.” 11 „Кој ќе се допре до мртво човечко тело, нека биде нечист седум дена. 12 Таквиот нека се измие со таа вода на третиот и на седмиот ден, па ќе биде чист. Ако не се измие на третиот ден и на седмиот ден, нема да биде чист. 13 Кој ќе се допре до мртовец, до тело на умрен човек, а не се измие, го осквернува Господовиот Шатор. Таквиот нека биде истребен од Израел. Бидејќи не беше полиен со вода за очистување; нечист е; неговата нечистота е на него.” 14 „Ова е закон кога некој ќе умре во шатор: секој кој ќе влезе во шаторот и секој кој е во шаторот, нека биде нечист седум дена. 15 Секој отворен сад што не ќе биде покриен со поклопец, нека биде нечист. 16 А на отворено поле, кој ќе се допре до загинат од меч, или до мртовец, или до човечки коски, или до гроб, нека биде нечист седум дена. 17 За оној што станал нечист нека биде земена пепел од животното изгорено во жртва за грев, и - во некаков сад - нека налеат врз неа жива вода. 18 Тогаш чист човек нека земе босилек, нека го накваси во водата и нека ги попрска: шаторот, сите садови, луѓето кои беа тука и оној, кој се допрел до коските или до убиениот или до умрениот или до гробот. 19 Чистиот човек нека го попрскува нечистиот на третиот и на седмиот ден. Така ќе го очисти на седмиот ден. Тогаш тој нека ја испере својата облека, нека се измие во водата и нека биде чист навечер.” 20 „А ако некој биде нечист и не се очисти, нека биде истребен од општеството зашто го онечистил Господовото светилиште; не бил полиен со вода за очистување; нечист е! 21 И ова нека им биде вечен закон: и оној кој прскаше со водата за очистување, нека ја испере својата облека; и оној што ја допрел водата за очистување, нека биде нечист до вечерта. 22 До што и да се допре нечистиот нека биде нечисто; а човекот што ќе се допре до него, нека биде нечист до вечер.”
1 Потоа Израелевите синови стигнаа, сета заедница, во пустината Цин, во првиот месец. Народот се настани во Кадис. Маријам почина таму и ја погребаа таму. 2 Немаше вода за заедницата. Затоа се здружија против Мојсеја и против Арона. 3 Народот почна да се препира со Мојсеја и да вели: „О, да бевме изумреле кога и нашите браќа загинаа пред Господа! 4 Зошто го доведовте Господовото општество во пустинава, за да изумреме тука и ние и нашиот добиток? 5 Зошто нè изведовте од Египет, за да нè доведете во незгодново место; место во кое нема ни жито, ни смокви, ни грозје, ни калинки? Нема ни вода за да пиеме.” 6 Мојсеј и Арон отидоа од народот кон влезот во Шаторот на средбата и паднаа на своите лица. Господовата слава им се јави тогаш. 7 И Господ му рече на Мојсеја: 8 „Земи го жезалот, па - ти и твојот брат Арон - соберете го општеството. Тогаш, пред нивни очи, речете и на карпата, и таа ќе даде вода од себе. И така ќе им извадиш вода од карпата и ќе ги напоиш: општеството и неговиот добиток.” 9 Мојсеј го зеде жезалот од пред Господа, како што му нареди. 10 Потоа Мојсеј и Арон го собраа народот пред карпата, па Мојсеј им рече: „Чујте, бунтовници! Дали ќе ви извадиме вода од карпава?” 11 И Мојсеј ја подигна раката и удри со жезалот двапати по карпата: потече многу вода, па заедницата и нејзиниот добиток пиеја. 12 А Господ им рече на Мојсеја и на Арона: „Бидејќи немавте вера во Мене, за да ја јавите Мојата светост пред очите на Израелевите синови, вие нема да го воведете народов во земјата, што му ја давам.” 13 Тоа се водите на Мерива, крај кои Израелевите синови се препираа со Господа, а Тој им ја јави Својата светост. 14 Од Кадис, Мојсеј му испрати посланици на царот на Едом: „Твојот брат Израел вели вака: ‘Ти ги знаеш сите страдања што нè најдоа. 15 Нашите татковци се спуштија во Египет. Живеевме многу време во Египет. А Египетците постапуваа лошо со нас и со нашите предци. 16 Затоа Му се молевме на Господа, и Тој го чу нашиот глас и испрати ангел, кој нè избави од Египет. Еве нè сега во Кадис, град на меѓата на твоето подрачје. 17 Пушти нè да поминеме низ твојата земја. Не ќе врвиме низ полето ни низ лозјата, ниту ќе пиеме вода од твоите кладенци; ќе одиме по Царскиот Пат, не свртувајќи ни десно ни лево додека не поминеме преку твоето подрачје.’” 18 Едом му одговори: „Не поминувај преку мојата земја, зашто ете ме со меч пред тебе!” 19 „Ќе одиме по друмот - рекоа Израелевите синови - а ако пак пиеме твоја вода, ние или нашите стада, ќе платиме за тоа. Ништо повеќе, само да поминеме со нозе.” 20 „Не поминувај!”- одговори. И Едом излезе против него со многу луѓе и со силна рака. 21 Така Едом не му дозволи на Израел да помине преку неговите предели, и Израел се заврте од него. 22 Запатувајќи се од Кадис, Израелевите синови стигнаа, сета заедница, до планината Ор. 23 Кај гората Ор, покрај едомската меѓа, Господ им рече на Мојсеја и на Арона: 24 „Арон нека им се придружи на своите луѓе! Нема да влезе во земјата што им ја давам на Израелевите синови, зашто се спротививте на Мојата заповед кај Меривските Води. 25 Земи ги: Арона и сина му Елеазар, па изведи ги на гората Ор. 26 И соблечи му ја на Арона неговата облека и облечи го во неа неговиот син Елеазар. Арон ќе им се придружи на своите луѓе, ќе умре таму.” 27 Мојсеј направи како што нареди Господ. Се искачија на Ор пред целото општество. 28 Мојсеј ја соблече од Арона неговата облека и му ја облече на неговиот син Елеазар. Арон почина таму, на врвот на гората. А Мојсеј и Елеазар слегоа од гората. 29 Целото општество виде дека Арон почина, и сиот Израелев дом го оплакуваше Арона триесет денови.
1 Царот на Арад, Хананец, кој живееше во Негев, чу дека Израел доаѓа по Атаримскиот Пат, па се нафрли врз Израел и зароби неколку од нив. 2 Тогаш Израел вака Му се заветува на Господа: „Ако го предадеш во мои раце овој народ, наполно ќе ги разурнам неговите градови.” 3 Господ го послуша гласот на Израел и му ги предаде Ханаанците. А Израел ги уништи нив и нивните градови со „истребување”. Затоа она место беше наречено Орма (Проклетство). 4 Од гората Ор се запатија кон Црвеното Море за да ја заобиколат Едомската Земја. Патем народот стана нетрпелив. 5 И почна да зборува и против Бога и против Мојсеја: „Зошто нè изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода, а тоа бедно јадење веќе им се згади на нашите души.” 6 Тогаш Господ испрати лути змии против народот; тие ги каснуваа, така што изумре многу народ во Израел. 7 Народот дојде при Мојсеја и рече: „Згрешивме кога зборувавме против Господа и против тебе. Помоли Му се на Господа да ги отстрани змиите од нас!” Мојсеј се помоли за народот, 8 и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.” 9 Мојсеј направи змија од бронза и ја стави на столб. Кога лутицата ќе каснеше некого, ќе погледнеше во бронзената змија и оздравуваше. 10 Израелевите синови тргнаа и се настанија во Овот. 11 Потоа отпатуваа од Овот и ги оптегнаа шаторите крај Ије-Аварим, во пустината што е спроти Моав, од страна на изгрејсонцето. 12 Оттаму отпатуваа и заседнаа во долината Заред. 13 Оттаму тргнаа и се настанија од онаа страна на Арнон, што е во пустината, а извира во подрачјето на Аморејците. Затоа Арнон е моавска граница, меѓу Моавците и Аморејците. 14 Затоа се вели во „Книгата на Господовите војни:” 15 „Вајеф во Суфа и арнонските потоци и падината на долината што се наведнува кон местото Ар и се допира до моавската граница. . .” 16 Оттука отидоа во Вир (Кладенец). Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: „Собери го народот за да им дадам вода!” 17 Тогаш Израел ја запеа оваа песна: „Бликај, о кладенче! А вие - пејте му; 18 кладенецот, владетелите го ископаа, народните благородници со своите палки, го открија, со заповед на Законодавацот.” Од пустината отидоа во Матан, 19 од Матан во Налиел, а од Налиел во Вамот; 20 од Вамот во долината што се спушта во Моавското Поле, при врвот Фазге, од каде се тегне глетка кон пустината. 21 Сега Израел испрати пратеници при Сион, аморејски цар, со порака: 22 „Пушти нè да поминеме преку твојата земја. Нема да навраќаме во нивите и во лозјата, ниту ќе пиеме вода од кладенците. Ќе одиме по Царскиот Пат додека не поминеме низ твоето подрачје.” 23 Но Сион не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје, туку го собра сиот свој народ па излезе во пустината, за да го пресретне Израел. Откако стигна до Јаса, завојува против Израел. 24 Но Израел го порази со остар меч и ја освои неговата земја од Арнон до Јавок, до Амонците, зашто Аз (Јазир) лежеше на границата на Амонците. 25 Израел ги зеде сите оние градови, и Израел се насели во сите оние градови на Аморејците; во Есевон и во сите негови населби. 26 Бидејќи Есевон беше главен град на Сион, аморејскиот цар, кој војуваше против поранешниот моавски цар, па ја освои сета негова земја до Арнон, 27 затоа зборувачите во пословици велат: „Одете во Есевон! Нека се изгради и нека се утврди Сионовиот град! 28 Зашто од Есевон пламна оган, пламен од градот Сионов, го опожари Моавскиот Ар, и првенците на високите арнонски места. 29 Тешко ти тебе, Моаве! Пропадна! Хамосов народе! Направи бегалци од твоите синови, а робинки од твоите ќерки на аморејскиот цар Сион. 30 Ги поразивме со стрели; пропадна Есевон сè до Девон: разурнувавме до Нофа, што е близу до Медева.” 31 Така Израелците се населија во земјата на Аморејците. 32 Мојсеј се запати да го извиди Јазир. Потоа ги зазедоа неговите населби, а ги истераа Аморејците, кои беа таму. 33 Тогаш се завртија и тргнаа кон Васан. А васанскиот цар Ог ги пресретна со сиот свој народ за да војува кај Едраин. 34 Но Господ му рече на Мојсеја: „Не бој се од него! Ги предадов во твоите раце: него, сиот негов народ и неговата земја. Постапи со него како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.” 35 И го поразија него, и неговите синови, и сиот негов народ. Потоа ја освоија неговата земја.
1 Потоа Израелевите синови отпатуваа и се влогорија во Моавските Полиња, отаде Јордан, спроти Ерихон. 2 Валак, Сефоровиот син, виде сè што им стори Израел на Аморејците. 3 Моав се исплаши мошне од тој народ зашто беше многуброен. Страв го опфати Моава од Израелците. 4 Затоа Моав им рече на Мадијамските старешини: „Сега овој народ ќе изеде сè околу нас, како што волот ја испасува тревата по полето.” Валак, синот Сефоров, беше моавски цар во тоа време. 5 Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене. 6 Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.” 7 Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака. 8 Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.” Така моавските управители останаа кај Валаама. 9 Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?” 10 Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака: 11 ‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’” 12 Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.” 13 Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.” 14 Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.” 15 Валак пак испрати кнезови, помногубројни и поугледни од првите. 16 Тие дојдоа кај Валаама и му рекоа: „Валак, синот Сефоров, порача вака: ‘Не двоуми се, туку дојди при мене. 17 Ќе те наградам богато и ќе направам сè што ќе речеш. Дојди, те молам, и проколни ми го овој народ!’” 18 Но Валаам им одговори на Валаковите слуги: „Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не би можел да ги престапам заповедите на Господа, мојот Бог, за да направам нешто, било големо било мало. 19 Но поминете ја и вие ноќта тука, за да научам што ќе ми рече уште Господ.” 20 Во ноќта Бог дојде при Валаама и му рече: „Ако тие луѓе дојдоа да те повикаат, стани, тргни со нив! Но да правиш само тоа што ќе ти речам Јас!” 21 Наутро Валаам стана, и и стави грубо дрвено седло на својата ослица и отиде со моавските кнезови. 22 Но Божјиот гнев пламна зашто тој тргна. Затоа Господов Ангел застана на патот за да го спречи. Тој јаваше на својата ослица, а го придружуваа неговите два момка. 23 Кога ослицата го забележа Господовиот Ангел како што стои на патот, со извлечен меч во раката, сврти од патеката и тргна по полето. Валаам почна да ја бие ослицата за да ја врати на патот. 24 Тогаш Господовиот Ангел застана при тесниот премин, меѓу лозјата, а имаше ограда и од оваа и од онаа страна. 25 Ослицата, забележувајќи го Господовиот Ангел, се стисна покрај ѕидот и ја притисна до ѕидот Валаамовата нога. Тој пак почна да ја бие. 26 Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево. 27 Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап. 28 Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?” 29 Валаам и одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!” 30 А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?” „Не!” одговори тој. 31 Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони. 32 Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст. 33 Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.” 34 Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.” 35 Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.” Така Валаам отиде со Валаковите првенци. 36 Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето. 37 „Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?” 38 „Еве ти дојдов - му рече Валаам на Валака. Но дали ќе можам да ти кажам нешто сега? Само она што Господ ќе го положи на јазикот, тоа ќе го зборувам.” 39 Потоа Валаам тргна со Валака и дојдоа во Киријат-Узот. 40 Валак жртвува и волови и овци, па од тоа им раздаде на Валаам и на кнезовите, кои го придружуваа. 41 Наутро Валак го зеде Валаама и го одведе на високите Ваалови места, откаде можеше да го види крајниот дел на народот.
1 И Валаам му рече на Валака: „Направи ми тука седум жртвеници; приготви ми тука седум јунци и седум овни.” 2 Валак направи како што му рече Валаам. А потоа Валак и Валаам принесоа по еден јунец и по еден овен на секој жртвеник. 3 Потоа Валаам му рече на Валака: „Ти стој кај твојата паленица, а јас одам можеби да се сретнам со Господа, па што ќе ми открие, ќе ти кажам.” И тој отиде на високо осамено место. 4 И Бог го сретна Валаама, кој му рече: „Подигнав седум жртвеници и принесов на секој по еден јунец и по еден овен.” 5 А Господ положи зборови во устата на Валаама и му заповеда: „Врати се кај Валака и зборувај вака.” 6 Валаам се врати кај него, а тој стоеше покрај својата паленица, и со него сите моавски кнезови. 7 Тогаш тој ја почна својата песна и рече: „Од Арам ме доведе Валак, царот на Моав, од источните планини, велејќи: ‘Дојди, проколни ми го Јакова, Дојди, изречи зло против Израел!’ 8 Како можам да го проколнам кого Бог не го проколнува? Како да изречам зло? Кога Господ не му изречува? 9 Зошто јас го гледам од врвот на карпите, Го набљудувам од високиот брег: ете, народ, кој живее одвоено, тој не се вбројува меѓу народите. 10 Кој ќе го преброи Јакововиот песок бројот на четвртиот дел на Израел! О да се надевам дека ќе умрам со смртта на преведник! И мојот свршеток да биде како нивниот!” 11 „Што ми стори! - му рече Валак на Валаама. Те доведов да ги проколнеш моите непријатели, а кога ете, ти ги опсипа со благослови!” 12 Тој одговори: „Зар не ми е должност да го кажам она што Господ го става во мојата уста?” 13 „Ајде со мене на друго место, откаде можеш да го видиш сиот - го замоли Валак. Оттука му го гледаш само едниот крај, а не го гледаш сиот. Проколни ми го оттаму!” 14 Потоа го поведе во Седе-Зофим, на врвот Фасга. Тука изгради седум жртвеници и на секој жртвеник принесе по еден јунец и по еден овен. 15 Тогаш Валаам му рече на Валака: „Стој тука покрај твојата паленица, а јас одам онаму во пресрет на Бога.” 16 Господ го сретна Валаама; му стави зборови во неговата уста и му заповеда: „Врати се кон Валака и зборувај така!” 17 И тој се врати при Валака, кој стоеше покрај својата паленица и моавските кнезови со него. Валак го праша: „Што рече Господ?” 18 Тогаш Валаам ја почна својата песна и рече: „Стани, Валаку, и послушај! Послушај ме со увото, Сефоров сине! 19 Бог не е човек па да лаже, не е човечки син за да се кае, зар Тој кога ќе рече, и не ќе направи? Зар ветува, па не исполнува? 20 Ете, јас почнав да благословувам, зашто Тој благослови, и јас не можам да го сменам тоа. 21 Не видов неправда во Јаков, ниту видов престап во Израел; Господ, неговиот Бог, е со него, и царско воскликнување има меѓу него. 22 Бог го изведе од Египет, тој му е нему како биволски рогови. 23 Нема волшебства против Јакова ниту вражања против Израел. И кога ќе им речат на Јаков и на Израел: ‘Што прави Бог?’ 24 Ете, народот ќе стане како лавица, ќе се крене како лав: нема да легне додека не го проголта пленот, додека не ја испие крвта на убиените.” 25 Потоа Валак му рече на Валаама: „Не проколнувај го ни со клетва, но не благословувај го ни со благослов.” 26 Валаам му одговори на Валака: „Зар не ти реков: ‘Сè што ќе рече Господ, тоа ќе правам.’” 27 Потоа Валак му рече на Валаама: „Дојди! Ќе те одведам на друго место. Можеби на Бога ќе Му биде право да ми го проколнеш оттаму.” 28 И Валак го одведе Валаама на врвот Фегора, откаде се тегне глетка кон Јешимон (Пустина на Јуда). 29 „Изгради ми тука седум жртвеници - му рече Валаам на Валака. Натаму, приготви ми тука седум јунци и седум овни.” 30 Валак направи како што рече Валаам и принесе по еден јунец и по еден овен на секој жртвеник.
1 Кога Валаам забележа дека Му е мило на Господ да го благословува Израел, не сакаше веќе да оди во потрага по знаци за баење, туку се сврти со лицето кон пустината. 2 Валаам ги подигна очите и го виде Израел зашаторен по неговите племиња. Божји Дух слезе на него, 3 и тој ја почна својата песна па рече: „Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед; 4 пророштво на оној, кој ги слуша Божјите слова, кој го виде видението на Сèмоќниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отвораат: 5 Колку ти се прекрасни шаторите, Јакове, и твоите живеалишта Израеле! 6 Како долини што се тегнат, Како градини покрај речниот брег; како мирисливи дрва, посадени од Господа, како кедри покрај водите! 7 Вода ќе се излее од неговото ведро и неговото семе ќе биде во силни води. Неговиот цар ќе го надвиши Агаг, неговото царство се воздига. 8 Бог го изведе од Египет, тој му е нему како биволски рогови; тој ги проголтува непријателските народи,тој ги дроби нивните коски. 9 Се собра, прилегна како лав и како лавица, кој смее да го разбуди? Благословен да е кој те благословува, проклет да е кој те проколнува!” 10 И Валак пламна со гнев на Валаама и плесна со своите раце. „Те повикав да ги проколнеш моите непријатели - му рече Валак на Валаама - а, ете, ти ги благословуваш веќе по трет пат! 11 Оди си веднаш во својот крај. Си реков ќе те почестам достојно! А, ете, Господ те лиши од почитувањето.” 12 Тогаш Валаам му одговори на Валака: „Зар не им реков на твоите посланици, кои ги испрати при мене: 13 ‘Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не можам да ја престапам Господовата повелба и да направам по своја волја било добро или зло: она што ќе го каже Господ, и јас ќе го речам тоа.’ 14 А сега, ете, кога си одам при својот народ, дојди, да ти откријам што ќе му направи овој народ на твојот народ во иднина!” 15 И ја почна својата беседа и рече: „Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед, 16 пророштво на оној, кој ги слуша Господовите зборови. Кој ја познава мудроста на Сèвишниот, кој ги виде виденијата на Сèсилниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отворуваат. 17 Го гледам, но не сега; Го набљудувам, но не од близина: Ѕвезда излегува од Јакова, Жезал се издига од Израел. Тој ги разбива управителите на Моав и ги сотира сите Ситови деца! 18 Едом ќе биде под негово владеење, а Сир земја освоена, Израел ја пројавува својата сила, 19 Јаков владее над непријателите и ги погубува преживеаните од Ир.” 20 Валаам се загледа во Амалик, па ја почна својата беседа и рече: „Амалик е првенец меѓу народите, но неговиот крај е вечна гибел.” 21 Тогаш се загледа во Кенејците, па ја почна својата беседа и рече: „Цврсто е твоето живеалиште, Кенеоне, гнездото ти е свиткано врз карпа! 22 Но гнездото му припаѓа на Веор; до кога ќе му робуваш на Асур?” 23 Пак ја почна својата беседа и рече: „Поморски народи се собираат од север! 24 А бродовите од страната на Китим, го покоруваат Асур, го покоруваат Евер; па и него ќе го стигне вечна гибел.” 25 Потоа Валаам стана и се запати назад во своето место, а Валак исто тргна по својот пат.
1 Додека Израел живееше во Ситим, народот почна да блудствува со Моавските ќерки. 2 Тие го повикуваа народот на жртвувањата на своите богови, а народот јадеше на нивните гозби и им се поклонуваше на нивните богови. 3 Така Израел се прилепи до Фегорскиот Ваал. И Господ пламна со гнев против Израел. 4 „Собери ги сите народни началници - му рече Господ на Мојсеја. Обеси ги пред Господа на бел ден, за да се одврати Господовиот гнев од Израел.” 5 Тогаш Мојсеј им рече на израелевите судии: „Нека секој ги погуби оние свои луѓе, кои се прилепија до Фегорскиот Ваал.” 6 Токму тогаш некој од Израелевите синови дојде и доведе една Мадијанка при своите браќа, пред очите на Мојсеја и пред очите на сето Израелско општество, кое заплака при влезот од Шаторот на средбата. 7 Кога Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, го забележа тоа, стана пред заедницата: зеде копје во раката 8 и тргна по Израелецот, во лежиштето, и ги прободе двата, Израелецот и жената; неа низ слабините, па прекрати поморот на Израелевите синови. 9 А тие кои изумреа од поморот беа дваесет и четири илјади. 10 Господ му рече на Мојсеја: 11 „Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, ја одврати Мојата јарост од Израелевите синови, зашто покажа ревност за Мене, и Јас не ги истребив Израелевите синови во Мојата ревност. 12 И така кажи му: ‘Еве, со него склучувам завет на мир. 13 Тоа нека биде за него и за неговите потомци, после него, завет на вечно свештенство, зашто ревнуваше за својот Бог и ги застапи Израелевите синови.’” 14 Името на Израелецот кој беше убиен - на оној кој беше погубен заедно со Мадијанката - беше Зимриј, син на Салу, началник на еден татковски дом на Симеоновците. 15 А името на убиената жена Мадијанка и беше Хазвија. Беше Сурова ќерка. Сур беше родовски главатар на едно семејство во Мадијан. 16 Господ му рече на Мојсеја: 17 „Завојувај против Мадијанците и порази ги, 18 зашто и тие војуваа против вас со итрина и ве измамија со Ваал-Фегор и со својата сестра Хазвија, ќерка на мадијански началник, која беше погубена во денот на поморот заради Фегор.”
1 После тоа зло Господ им рече на Мојсеја и на Елеазара, синот на свештеникот Арон: 2 „Извршете попис на сето општество на Израелевите синови, по нивните семејства, запишете ги сите, од дваесет години па нагоре, кои се способни за војна во Израел.” 3 И така, Мојсеј и свештеникот Елеазар ги изброија, во Моавските Полиња, покрај Јордан близу Ерихон, 4 сите од дваесет години па нагоре, како што Господ им нареди на Мојсеја и на Израелевите синови, кои излегоа од Египетската Земја: 5 Израелевиот првенец Рувим. Рувимови синови: од Енох родот на Еноховците; од Фалуј родот на Фалуевците; 6 од Асрон родот на Асроновците и од Хармиј родот на Хармиевците. 7 Тоа се Рувимовите родови. Нив ги имаше четириесет и три илјади и седум стотини и триесет. 8 Елијав беше Фалуев син, 9 а Елијавови синови: Намуил, Датан и Авирон. Овие: Датан и Аврион беа угледни членови на општеството, кое се подигна против Мојсеја и Арона во Кореевата буна, кога се побунија против Господа. 10 Тогаш земјата ја отвори својата утроба и ги проголта заедно со Кореј, кога смртта ја грабна таа група и кога огнот голтна двеста и педесет луѓе. Така станаа опомена за другите. 11 Но, Кореевите синови не загинаа. 12 Симеонови синови по нивните поколенија: од Намуил родот на Намуиловци; од Јамин родот на Јаминовците; 13 од Зара родот на Заринците и од Саул родот на Сауловците. 14 Тие се Симеоновите родови: дваесет и две илјади и двеста. 15 Гадовите синови по нивните родови: од Сифон родот на Сифоновци; од Агиј родот на Агиевци; од Суниј родот на Суниевците; 16 од Азен родот на Азеновците; од Ириј родот на Ириевците; 17 од Арод родот на Ародовците и од Арилиј родот на Арилиевците. 18 Тоа се родовите на Гадовите потомци, според нивното пребројување: четириесет илјади и пет стотини. 19 Јудини синови: Ир и Авнан. И Ир и Авнан умреа во Ханаанската Земја. 20 Јудини синови по нивните родови беа: од Силом родот на Силомовците; од Фарес родот на Фаресовците и од Зара родот на Заринци. 21 Фаресови синови пак беа: од Асрон родот на Асроновци и од Амуил родот Амуиловци. 22 Тоа се Јудините родови, а избројаните од нив: седумдесет и шест илјади и пет стотини. 23 Исахарови синови по нивните родови: од Тола родот на Толинци; од Фува родот на Фувинци; 24 од Јасув родот на Јасувовците и од Амрам родот на Амрамовци. 25 Тоа се Исахаровите родови. Нив ги запишаа шеесет и четири илјади и триста. 26 Завулонови синови по нивните родови: од Саред родот на Саредовците; од Алон родот на Алоновци и од Алил родот на Алиловци. 27 Тоа се Завулоновите родови, според нивното пребројување: шеесет илјади и пет стотини. 28 Јосифови синови по нивните родови: Манасиј и Ефрем. 29 Манасиеви синови: од Махир родот на Махировци. На Махира му се роди Галад. Од Галад е родот на Галадовци. 30 Овие беа Галадови синови: од Ахиезер родот на Ахиезеровците; од Халек родот на Халековци; 31 од Есрил родот на Есриловци; од Сихем родот на Сихемовци; 32 од Симаер родот на Симаеровци и од Офер родот на Оферовци. 33 Оферовиот син Салпад немаше синови, туку ќерки. Имињата на Салпадовите ќерки беа: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса. 34 Тоа се Манасиеви родови. Избројаните од нив: педесет и две илјади и седум стотини. 35 Овие пак се Ефремовите синови, по нивните родови: од Сутал родот на Суталовците; од Вехер родот на Вехеровци и од Тахан родот на Тахановци. 36 Овие се Суталови синови: од Еран родот на Ерановците. 37 Тоа се родовите на Ефремовите синови, според нивното пребројување: триесет и две илјади и пет стотини. Тоа се Јосифови синови, по нивните родови. 38 Венијаминовите синови, по нивните родови: од Вела родот на Велинци; од Асвил родот на Асвиловци; од Ахирам родот на Ахирамовци; 39 од Суфам родот на Суфамовци и од Уфам родот на Уфамовци. 40 Велини синови беа: Адер и Наман. И така, од Адер родот на Адеровци, а од Наман родот на Намановци. 41 Тоа се Венијаминовите синови, по нивните родови. Нив ги запишаа четириесет и пет илјади и шест стотини. 42 Овие се Данови синови, по нивните родови: од Самеј родот на Самеевци. Тоа се Дановите синови, според нивните родови. 43 Од сите родови на Самеевците беа запишани шеесет и четири илјади и четири стотини. 44 Асировите синови, по нивните родови: од Јамин родот на Јаминовците; од Јесуј родот на Јесуевците и од Вериј родот на Вериевците. 45 Од Вериините синови: од Ховер родот на Ховеровци и од Мелхил родот на Мелхиловци. 46 На Аировата ќерка името и беше Сара. 47 Тоа се родовите на Асировите синови. Нив ги запишаа педесет и три илјади и четири стотини. 48 Нефталимовите синови, по нивните родови: од Асил родот на Асиловци; од Гуниј родот на Гуниевци; 49 од Есер родот на Есеровци и од Селим родот на Селимовци. 50 Тоа се родовите на Нефталиевците. По нивните родови беа запишани четириесет и пет илјади и четири стотини. 51 И така, запишани Израелци имаше шест стотини и една илјада и седум стотини и триесет. 52 Господ му рече на Мојсеја: 53 „На овие нека им биде разделена земјата во наследство според бројот на нивните имиња. 54 На поголемиот број зголеми му го наследството, а на помалиот намали му го неговото наследство; секому нека му биде дадено неговото наследство според бројот на запишаните. 55 Но земјата нека биде поделена со жрепка; нека биде примена во наследство според дедовските племенски имиња. 56 Наследството ќе биде поделено со жрепка, на секое племе според неговата големина.” 57 Ова е попис на левитите, по нивните поколенија: од Гирсон родот на Гирсоновците; од Каат родот на Каатовци и од Мерариј родот на Мерариевци. 58 Еве се родовите на Левиевците: родот на Ловениевци, родот на Хевроновци, родот на Малиевци, родот на Мусиевци и родот на Кореевци. На Каат му се роди Амрам. 59 На Амрамовата жена името и беше Јохавета. Беше Левиева ќерка, која му се роди на Левија во Египет. Таа му ги роди на Амрам: Арона, Мојсеја и нивната сестра Маријам. 60 На Арона му се родија: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар. 61 Надав и Авиуд загинаа кога принесуваа непосветен оган пред Господа. 62 Сите избројани мажи од еден месец па нагоре беа дваесет и три илјади. Тие не беа избројани заедно со Израелевите синови; и не им беше доделено наследство меѓу Израелевите синови. 63 И така, тоа се оние, кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Елеазар; тие го извршија овој попис на Израелците покрај Јордан, во Моавските Полиња спроти Ерихон. 64 Меѓу нив немаше ниту еден од оние кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Арон, кога ги избројуваа Израелевите синови во Синајската Пустина. 65 Зашто Господ беше рекол за нив: „Нека изумрат во пустината и нека не остане никој од нив, освен: Халев, Ефониевиот син, и Исус, синот Навинов!”
1 Тогаш пристапија ќерките на Салпад, синот Оферов, син Галадов, син Махиров, син Манасиев, од родот на Јосифовиот син Манасиј. А имињата на ќерките беа: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса. 2 Тие застанаа пред Мојсеја, пред свештеникот Елеазар, пред главатарите и пред сето општество при влезот во Шаторот на средбата па рекоа: 3 „Нашиот татко умре во пустината. Не и припаѓаше на дружината што се побуни против Господа на Кореевата дружина - туку умре заради својот сопствен грев. Немаше синови. 4 Зошто да исчезне името на нашиот татко од неговиот род? Бидејќи немаше син, дај ни наследство меѓу браќата на нашиот татко!” 5 Мојсеј го изнесе нивното дело пред Господа. 6 А Господ му рече на Мојсеја: 7 „Салпадовите ќерки зборуваат право. Секако треба да им дадеш недвижен имот што ќе биде нивно наследство меѓу браќата на нивниот татко. 8 Натаму, кажи им на Израелевите синови: ‘Кога ќе умре некој човек а нема син, пренесете го неговото наследство на неговата ќерка. 9 Ако нема ни ќерка, предајте го наследството на неговите браќа. 10 Ако нема ни браќа, предајте го неговото наследство на браќата на неговиот татко. 11 Ако татко му нема браќа, дајте му го неговото наследство на најблискиот роднина од неговиот род: нека ја земе тој во сопственост. Тоа нека им биде законска одредба на Израелевите синови, како што Господ му заповеда на Мојсеја.” 12 Господ му рече на Мојсеја: 13 „Искачи се на онаа гора - Аварим и разгледај ја земјата што им ја давам на Израелевите синови. А кога ќе ја разгледаш, ќе им се придружиш и ти на своите предци, како што им се придружи и твојот брат Арон. 14 Зашто при побуната на општеството во пустината Цин и се спротививте на Мојата уста, место да ја покажете, со водата, Мојата светост во нивните очи.” (Тоа се водите на Мерива кај Кадис во пустината Цин). 15 А Мојсеј Му проговори на Господа вака: 16 „Господ, Бог на духовите на секое тело, нека постави човек над ова општество, 17 кој ќе излегува пред него, кој ќе врви пред него, кој ќе го изведува и воведува, така што Господовата заедница да не биде како стадо што нема пастир.” 18 „Земи го Исуса, синот Навинов!” - Господ му рече на Мојсеја. „Тоа е човек во кого има Дух. Положи ја твојата рака на него! 19 Тогаш одведи го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, па дај му наредба пред нивните очи! 20 Предај му дел од твојата власт, за да го слуша целото општество на Израелевите синови. 21 И нека му се обратува на свештеникот Елеазар и нека го праша него за одлуките, со посредство на Урим пред Господа. На негова заповед нека излегуваат и на негова заповед нека влегуваат: тој и сите Израелеви синови со него, и целото општество.” 22 Мојсеј направи како што Господ му заповеда: го зеде Исуса па го постави пред свештеникот Елеазар и пред целата заедница. 23 Потоа ги положи своите раце на него и му ги даде заповедите, како што Господ заповеда преку Мојсеја.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Нареди им на Израелевите синови и речи им: ‘Внимавајте да Ми ги принесувате во определено време Моите приноси: Мојот леб - паленици за Мене за благопријатен мирис.’ 3 Речи им: ‘Ова се палени жртви што ќе Му ги принесувате на Господа: секој ден две едногодишни јагниња без недостаток како трајна паленица. 4 Принесувајте го едното јагне наутро, а другото јагне принесувајте го во примрак. 5 А за лебен принос: десетина ефа чисто брашно, измешано со четвртина ин масло. 6 Тоа е постојана паленица, што веќе беше принесена на Синајската Гора, за пријатен мирис, во жртва на Господа. 7 Нејзината налевница нека се состои од четвртина ин за секое јагне. Налевницата од вино нека се излева, во Светилиштето, на Господа. 8 Другото јагне принесувајте го во примрак. Принесувај го како и утринскиот лебен принос и неговата налевница, како палена жртва, за пријатен мирис на Господа.’ 9 ‘Во саботен ден: принесувајте две едногодишни јагниња без недостаток и две десетини ефа чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос, со неговата налевница. 10 Тоа е: саботна паленица во секоја сабота, освен секојдневната паленица и нејзината налевница.’ 11 ‘Во почетокот на вашите месеци принесувајте Му на Господа паленица: два јунци, еден овен и седум јагниња годиначиња без недостаток. 12 За секој јунец, како лебен принос: три десетини чисто брашно измешано со масло; за секој овен, како лебен принос: две десетини ефа чисто брашно измешано со масло. 13 За секое јагне една десетина чисто брашно измешано со масло, како лебен принос. Тоа е паленица, жртва за пријатен мирис на Господа. 14 Нивните налевници нека бидат: на јунец половина ин вино; на овен третина ин; на јагне четвртина ин. Тоа е паленица при секоја млада месечина во секој месец на годината. 15 Освен секојдневната паленица, нека Му биде принесуван на Господа еден јарец како принос за грев, со неговата налевница.’ 16 ‘Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден во месецот е Господова Пасха, 17 а на петнаесеттиот ден на тој месец е празник. Седум дена нека се јадат бесквасни лебови. 18 На првиот ден нека биде свето собрание. Не работите никаква работа! 19 Принесете Му на Господа жртва-паленица: два јунци, еден овен и седум јагниња годиначиња. Нека ви бидат без недостаток. 20 Нивниот лебен принос, од најчисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на јунец, две десетини ефа на овен, 21 а на секое од оние седум јагниња нека биде по една десетина ефа. 22 И еден јарец во принос за грев, за ваше очистување. 23 Принесувајте го ова освен утринската паленица, што се принесува како секојдневна паленица. 24 Принесувајте така секој ден во текот на седумте денови; тоа е храна, палена жртва за благоугоден мирис на Господа. Нека се принесува тоа покрај секојдневната паленица и нејзината налевница. 25 На седмиот ден нека ви биде свето собрание. Не работите никаква работа!’ 26 ‘И на Денот на првите плодови - на вашиот Празник на седмиците - кога ќе Му принесувате лебен принос на Господа, имајте свето собрание: не работите никаква работа. 27 За паленица за пријатен мирис на Господа принесете: два јунци, еден овен и седум едногодишни јагниња. 28 Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: на секој јунец три десетини ефа; на секој овен две десетини ефа, 29 а на секое од оние седум јагниња - една десетина ефа. 30 И еден јарец во принос за грев, за ваше очистување. 31 Принесувајте ги освен секојдневната паленица и нејзините лебни приноси; а нека ви бидат без недостаток тие и нивните налевници.’
1 ‘Во седмиот месец, во првиот ден на месецот, имајте свое собрание. Не работите никаква работа! Тоа нека ви биде Ден на трубниот звук. 2 Принесете паленица за пријатен мирис на Господа: еден јунец, еден овен и седум јагниња годиначиња без недостаток. 3 Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на јунец, две десетини ефа на овен 4 и една десетина ефа на секое од седумте јагниња. 5 И еден јарец во жртва за грев, за ваше очистување. 6 Тоа нека биде - покрај паленицата на млада месечина и нејзиниот лебен принос; покрај секојдневната паленица и нејзиниот лебен принос, и покрај нивните налевници, според прописот - палена жртва за пријатен мирис на Господа.’ 7 ‘А на десеттиот ден на седмиот месец имајте свето собрание; смирете ги вашите души и не работите никаква работа. 8 Принесете Му на Господа паленица за пријатен мирис: еден јунец, еден овен и седум едногодишни јагниња. Нека ви бидат без недостаток. 9 Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на јунец, две десетини на овен 10 и една десетина ефа на секое од оние седум јагниња. 11 И еден јарец во жртва за грев. Тоа е покрај: приносот за грев на Денот на очистувањето, покрај постојаната паленица и нејзиниот лебен принос и нивните налевници.’ 12 ‘Во петнаесеттиот ден на седмиот месец имајте свето собрание. Не работите никаква работа. Седум денови прославувајте го празникот на Господа. 13 А за паленица, изгорена за пријатен мирис на Господа, принесете: тринаесет јунци, два овна и четиринаесет јагниња годиначиња. Нека бидат без недостаток. 14 Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на секој од тринаесетте јунци, две десетини ефа на секој од двата овна 15 и една десетина ефа на секое од четиринаесетте јагниња. И еден јарец во принос за грев. 16 Тоа нека биде освен секојдневната паленица, нејзините лебни приноси и нејзините налевници. 17 Во вториот ден: дванаесет јунци, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. 18 Нивниот лебен принос и нивната налевница принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 19 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзините налевници. 20 Во третиот ден: единаесет јунци, два овна и четиринаесет јагниња годиначиња без недостаток. 21 Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 22 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. 23 Во четвртиот ден: десет јунци, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. 24 Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 25 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. 26 Во петтиот ден: девет јунци, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. 27 Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 28 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. 29 Во шестиот ден: осум јунци, два овни, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. 30 Нивниот лебен принос и нивната налевница принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 31 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. 32 Во седмиот ден: седум јунци, два овна, четиринаесет јагниња годиначиња без недостаток. 33 Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 34 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. 35 Во осмиот ден имајте славно собрание. Не работите никаква работа. 36 А за паленица, изгорена за благоугоден мирис на Господа, принесете: еден јунец, еден овен и седум едногодишни јагниња без недостаток. 37 Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. 38 И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. 39 Принесувајте Му го тоа на Господа на вашите празници, освен вашите заветници и освен вашите доброволни жртви; освен вашите паленици, лебни приноси и налевници и освен вашите помирителни жртви.’” 40 Мојсеј им кажа на Израелевите синови сè што Господ му заповеда.
1 Потоа Мојсеј им рече на началниците на Израелевите колена: „Господ го заповеда ова: 2 Ако некој човек направи завет или ако се обврзе со заклетва дека ќе се одрече од нешто; нека не ги нарушува своите зборови; нека исполни сè што излегло од неговата уста! 3 Ако некоја жена Му направи завет на Господа и ако се обврзе дека ќе се откаже од нешто уште додека е млада, во татковиот дом, 4 а татко и научи за заветот и за ветувањата со кои се обврзала па не и рече ништо, тогаш се полноважни сите нејзини завети и полноважно е секое нејзино ветување со кое се обврзала. 5 Но ако татко и, кога ќе чуе, и забрани - никаков нејзин завет, ни нејзиното ветување со кое се обврзала, нема важност. Господ ќе и прости, зашто татко и и забранил. 6 Ако се омажи додека е под своите завети или под ветувањето што излезе непромислено од нејзината уста, 7 па ако нејзинот маж научи и откако научи ако не и рече ништо, тогаш се полноважни нејзините завети и полноважни се ветувањата со кои се обврзала. 8 Но ако нејзиниот маж и забрани, кога ќе чуе за тоа, со тоа се укинуваат нејзиниот завет и ветувањето што излезе непромислено од нејзината уста. И Господ ќе и прости. 9 А завет на вдовица, или на разведена жена, и сите обврски што ги презела врз себе, важат за неа. 10 Ако се заветува или обврзе на ветување со заклетва додека е во куќата на својот маж, 11 па ако нејзиниот маж чуе и ништо не и рече, ако не и забрани, полноважен е секој нејзин завет и полноважно е секое нејзино ветување со кое се обврзала. 12 Но ако нејзиниот маж ги прогласи за неважечки, кога ќе научи за нив, тогаш ништо што излезе од нејзината уста, нејзините завети или преземените обврски, немаат важност. Нејзиниот маж ги поништи, и Господ ќе и прости. 13 Секој завет и секое заклетвено заречување, за смирување на душата, нејзиниот маж може да ги потврди или да ги поништи. 14 Ако мажот не и рече ништо, од ден во ден, со тоа ги потврдува сите нејзини завети и сите нејзини ветувања со кои се обврзала; тој ги направил полноважни, зашто не рекол ништо кога чул за нив. 15 Но ако ги поништи после, откако веќе чул за нив, тогаш тој ќе го носи нејзиниот грев.” 16 Тоа се повелбите што Господ му ги заповеда на Мојсеја за односите меѓу мажот и неговата жена и меѓу таткото и неговата ќерка, која - уште млада - живее во татковиот дом.
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Одмазди им се на Мадијанците за Израелевите синови; а потоа ќе им се придружиш на твоите луѓе.” 3 Мојсеј му рече на народот: „Вооружете луѓе од меѓу себе за војна против Мадијанците, за да ја извршат Господовата одмазда врз Мадијанците. 4 Испратете во војна по една илјада од секое Израелево племе!” 5 И така од израелевите семејства - по илјада од племе - собраа дванаесет илјади за војна. 6 Мојсеј ги испрати - по илјада од племе - на војна заедно со Финес, синот на свештеникот Елеазар. Тој ги носеше светите садови и трубите за тревога. 7 Тие завојуваа против Мадијанците, како што Господ му заповеда на Мојсеја, и ги погубија сите машки. 8 Меѓу другите ги погубија и мадијанските цареви: Евиј, Реком, Сур, Ур и Рева - пет мадијански цареви! Со меч го погубија и Валаама, Веоровиот син. 9 Тогаш Израелевите синови ги одведоа во плен: мадијанските жени со нивните деца и сиот нивни добиток, крупниот и ситниот, и го запленија сето нивно богатство. 10 Со оган ги изгореа сите нивни градови во кои живееја и сите нивни населби, 11 а сè нивно зедоа во плен и грабеж: и луѓе и животни. 12 Тогаш, во логорот во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон, ги доведоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при целото Израелско општество: заробените, пленот и ограбеното. 13 Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот. 14 Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход. 15 Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски! 16 А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество. 17 Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж! 18 А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко. 19 Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден; 20 очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сè што е направено од козина и сите дрвени предмети.” 21 Потоа свештеникот Елеазар им проговори на борците, кои се вратија од војна: „Ова е законска повелба што му ја даде Господ на Мојсеја: 22 Златото, среброто, бронзата, железото, оловото и калајот, 23 сè што поднесува оган - поминете го низ оган, и ќе биде очистено. Сепак, нека биде очистено и со водата за очистување. А сè што не поднесува оган поминете го низ вода. 24 На седмиот ден исперете ја вашата облека, и ќе бидете чисти. Потоа можете да се вратите во логорот.” 25 Господ му рече на Мојсеја: 26 „Ти, свештеникот Елеазар и главните старешини на општеството направете попис на воениот плен, на луѓето и на добитокот, 27 а тогаш поделете го воениот плен на половина: за војниците кои одеа во војна и за сета друга заедница. 28 А од војниците, кои одеа во војна, задржи данок за Господа: по една глава на пет стотини од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток. 29 Земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар како воздигнат принос за Господа. 30 А од половината што ќе им припадне на другите Израелеви синови, земи по една глава од педесет: од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток - од сите, па дај им ги на левитите, кои служат во Господовиот Шатор.” 31 Мојсеј и свештеникот Елеазар направија како што му нареди Господ на Мојсеја. 32 Воен плен - освен ограбеното што го зедоа војниците - има - ше: шест стотини седумдесет и пет илјади ситен добиток, 33 седумдесет и две илјади крупен добиток, 34 шеесет и една илјада ослици, 35 а човечки души - жени кои не запознале машко - имаше вкупно триесет и две илјади. 36 Според тоа, половината, што им беше доделена на оние, кои одеа во војна, беше: три стотини триесет и седум илјади и пет стотини грла ситен добиток; 37 данок за Господа од ситниот добиток: шест стотини седумдесет и пет грла; 38 крупен добиток имаше: триесет и шест илјади, а нивниот данок за Господа: седумдесет и две грла; 39 ослиња: триесет илјади и пет стотини, а од нив данок за Господа: шеесет и едно. 40 Човечки души: шеснаесет илјади, а од нив данок за Господа: триесет и две души. 41 Мојсеј му го предаде данокот на свештеникот Елеазар, за воздигнат принос на Господа, како што Господ му заповеда на Мојсеја. 42 А од половината на другите Израелеви синови, која Мојсеј ја оддели од војниците; 43 половината на заедницата изнесуваше: триста триесет и седум илјади и пет стотини ситен добиток, 44 а крупен добиток триесет и шест илјади; 45 ослиња: триесет илјади и пет стотини, 46 а човечки души: шеснаесет илјади. 47 Од половината на Израелевите синови Мојсеј зеде по едно на педесет, и од луѓето и од добитокот, па им ги даде на левитите, кои служеа во Господовиот Шатор, како што Господ му заповеда на Мојсеја. 48 Тогаш воените заповедници, илјадниците и стотниците, му пристапија на Мојсеја, 49 и му рекоа: „Твоите слуги ги преброија војниците, кои беа под наше заповедништво, и ниеден од нас не загина. 50 И ете, ги донесовме нашите дарови за Господа: нараквици, златни нешта, прстења, наушници и огрлици - кој какво што нашол златно нешто - за покривање на гревовите на нашите души пред Господа.” 51 Мојсеј и свештеникот Елеазар го примија од нив златото, сето во направени украси. 52 И сето злато, што илјадниците и стотниците го донесоа за воздигнат принос за Господа, беше: шеснаесет илјади седум стотини и педесет шекели. 53 Војниците грабеа секој за себе. 54 Така Мојсеј и свештеникот Елеазар го зедоа златото од илјадниците и стотниците па го донесоа во Шаторот на средбата, за спомен на Израелевите синови пред Господа.
1 Рувимовите синови и Гадовите синови имаа мошне многу добиток. И согледаа дека Јазирската Земја и Галадската Земја се погодни за сточарство. 2 Затоа Гадовците и Рувимовците дојдоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при управителите на општеството, па рекоа: 3 „Атарот, Девон, Јазир, Нимра, Есевон, Елеалиј, Севам, Нево и Веон - 4 земја што Господ ја порази пред Израелевото општество - е земја погодна за сточарство; а твоите слуги се занимаваат со сточарство. 5 Ако најдовме благонаклоност во твоите очи - продолжија - овој крај нека им биде даден во владеење на твоите слуги; не нè преведувај преку Јордан!” 6 Мојсеј им одговори на Гадовите синови и на Рувимовите синови: „Вашите браќа ќе одат во војна, а вие да останете тука? 7 Зошто ги одвраќате срцата на Израелевите синови од преминот во земјата, која им ја даде Господ? 8 Така постапија и вашите татковци кога ги испратив во Кадис-Варни за да ја извидат земјата. 9 Тие се искачија до долината Есхол, ја видоа земјата и ги обесхрабрија срцата на Израелевите синови, за да не влезат во земјата, која Господ им ја даде. 10 Во тој ден Господ пламна со гнев. Се заколна и рече: 11 ‘Луѓето кои излегоа од Египет, од дваесет години или нагоре, зашто не Ме следеа верно, никогаш нема да ја видат земјата што им ја ветив под заклетва на Авраама, Исака и Јакова!’ 12 Господа единствено Го следеа верно: Кенезецот Халев, синот Ефониев и Навиновиот син Исус. 13 Господ пламна со гнев на Израелевите синови па ги водеше низ пустината четириесет години, сè додека не изумре сето поколение што постапи зло во очите на Господа. 14 А сега вие - грешно поколение - станувате место вашите татковци, за да го зголемите уште повеќе јаросниот гнев на Господа против Израел. 15 Ако се одвратите од Него, Тој ќе го продолжи вашиот престој во пустината и вие ќе го погубите сиот овој народ.” 16 Тогаш тие се доближија кон него и рекоа: „Ние ќе подигнеме тука огради за нашиот добиток и градови за нашите деца, 17 а самите ќе го грабнеме оружјето и ќе тргнеме на чело на Израелевите синови додека не ги доведеме до нивното место, а нашите деца нека останат во утврдените градови, заради жителите на земјава. 18 Ние нема да се вратиме во нашите домови сè додека секој Израелец не го заземе своето наследство. 19 Нема да земаме дел од недвижните имоти од онаа страна на Јордан ниту подалеку, зашто нашето наследство ни припадна од оваа страна, на исток од Јордан.” 20 Мојсеј им рече: „Ако направите така, ако тргнете во бој пред Господа; 21 ако вие сите вооружени пребродите преку Јордан пред Господа додека Тој не ги растера пред Себе сите Свои непријатели, 22 тогаш, кога земјата ќе Му биде покорена на Господа, вие ќе можете да се вратите. Така ќе бидете ослободени од одговорноста кон Господа и кон Израел, а оваа земја ќе стане ваша сопственост пред Господа. 23 Но ако не направите така, ќе согрешите против Господа, и знајте дека ќе ве стигне казна за вашиот грев. 24 И така, соѕидајте градови за вашите деца и огради за вашиот добиток, но направите што ветивте.” 25 Гадовите синови и Рувимовите синови му одговорија на Мојсеја: „Твоите слуги ќе направат како што заповеда нашиот господар. 26 Нашите деца, нашите жени, нашите стада и сиот наш добиток, нека останат онаму во галадските градови, 27 а твоите слуги, сите кои се способни за бој, ќе тргнат пред Господа во војна, како што зборува нашиот господар.” 28 И Мојсеј им даде повелба за нив на свештеникот Елеазар, на Навиновиот син Исус и на главатарите на семејствата на израелевите племиња. 29 И Мојсеј им рече: „Ако Гадовите синови и Рувимовите синови, сите оние кои носат оружје, пребродат со вас преку Јордан за да војуваат пред Господа, и ако земјата ви биде покорена вам, тогаш дајте им ја Галадската Земја во сопственост. 30 Ама ако не поминат вооружени со вас, нека добијат наследство меѓу вас во Ханаанската Земја.” 31 Гадовците и Рувимовците одговорија на тоа: „Што им рече Господ на твоите слуги, така ќе направиме. 32 Ние ќе отидеме вооружени пред Господа во Ханаанската Земја, но недвижниот имот на нашето наследство нека ни биде од оваа страна на Јордан.” 33 И така Мојсеј ним - на Гадовите синови, на Рувимовите синови и на половината од Манасиј, племето на синот Јосифов - им ги даде: царството на аморејскиот цар Сион и царството на васанскиот цар Ог; земјата со градовите во нивните меѓи, градовите на соседната земја. 34 Гадовите синови ги изградија: Девон, Атарот и Ароир, 35 Атрот-Софан, Јазир, Јогвеј, 36 Вет-Нимра и Вет-Аран, утврдени градови и огради за стадата. 37 Рувимовите синови ги изградија: Есевон, Елеалиј, Киријатаим, 38 Нево, Валмеон - на кои им ги изменија имињата - и Сивма. И им дадоа имиња на градовите што ги изградија. 39 Синовите на Махир, синот Манасиев, отидоа во Галад и го освоија, и ги протераа Аморејците кои беа таму. 40 Мојсеј му го предаде Галад на Манасиевиот син Махир и тој се насели во него. 41 А Манасиевиот син Јаир отиде па ги зазеде нивните села и ги нарече „Јаирови Села.” 42 Потоа Новах отиде и ги зазеде Кенат и неговите подрачја, па го нарече со своето име Новах.
1 Ова се патувањата на Израелевите синови што ги поминаа кога излегоа од Египетската Земја по своите полкови, под водство на Мојсеја и Арона. 2 По Господова повелба, Мојсеј го опиша нивното патување по нивните престојувања, и еве ги застанките на нивните патувања: 3 тргнаа од Рамес во првиот месец. Беше петнаесеттиот ден на првиот месец - утреден по Пасхата - кога Израелевите синови се запатија со подигнати раце и пред очите на сиот Египет, 4 додека Египетците ги погребуваа оние, кои Господ ги погуби среде нив, односно сите првороденци, и така изврши суд над нивните божества. 5 И така Израелевите синови тргнаа од Рамес и расположија шатори во Сокхот. 6 Потоа отидоа од Сокхот и ги оптегнаа шаторите во Етам, токму на работ на пустината. 7 Отпатуваа од Етам, а тогаш свртија кон Пи-Ајрот, што се наоѓа спроти Велсефон. Ги расположија шаторите пред Мигдал. 8 Тргнаа од Ајрот и поминаа среде морето во пустината. Одеа три дни низ пустината Етам, а тогаш се настанија во Мера. 9 Потоа отидоа од Мера и стигнаа во Елим. Во Елим беа дванаесет извори и седумдесет палми. Расположија шатори тука. 10 И тргнаа од Елим и се настанија покрај Црвеното Море. 11 А откако заминаа од Црвеното Море, ги оптегнаа шаторите во пустината Син. 12 Потоа отпатуваа од пустината Син и ги поставија живеалиштата во Дофка. 13 Откако отидоа од Дофка расположија шатори во Елус. 14 Тргнаа од Елус и се настанија во Рафидин. Таму народот немаше вода да пие. 15 Заминаа од Рафидин и се настанија во Синајската Пустина. 16 Тргнаа од Синајската Пустина па се настанија во Киврот Атави. 17 Отпатуваа од Киврот Атави и оптегнаа шатори во Асирот. 18 Тогаш отидоа од Асирот и расположија шатори во Ритма. 19 Тргнаа од Ритма и се настанија во Римнон Фарес. 20 Отидоа од Римнон Фарес и расположија шатори во Ливна. 21 Отидоа од Ливна и оптегнаа шатори во Риса. 22 Заминаа од Риса и се настанија во Келат. 23 Тргнаа од Келат и се настанија во гората Сафер. 24 Отпатуваа од гората Сафер и се настанија во Харад. 25 Откако се дигнаа од Харад се настанија во Макилот. 26 Тргнаа од Макилот и расположија шатори во Тахат. 27 Отпатуваа од Тахат и застанаа во Тара. 28 Заминаа од Тара и се настанија во Митка. 29 Отпатуваа од Митка и оптегнаа шатори во Асемон. 30 Тргнаа од Асемон и расположија шатори во Мосирот. 31 Заминаа од Мосирот и се настанија во Вене-Јакан. 32 Тргнаа од Вене-Јакан и се настанија во Хор-Агидгад. 33 Отидоа од Хор-Агидгад и расположија шатори во Јотвата. 34 Отпатуваа од Јотвата и оптегнаа шатори во Еврон. 35 Отидоа од Еврон и се настанија во Есион-Гавер. 36 Отидоа од Есион-Гавер и расположија шатори во пустината Син, односно Кадис. 37 Тргнаа од Кадис па расположија шатори во гората Ор, на границата на Едомската Земја. 38 По Господова наредба свештеникот Арон се искачи на гората Ор и таму почина во првиот ден на петтиот месец, во четириесеттата година по излезот на Израелевите синови од Египетската Земја. 39 Арон беше на сто и дваесет и три години кога умре на планината Ор. 40 Арадскиот цар, Хананеец, кој живееше во ханаанскиот крај Негев, чу за доаѓањето на Израелците. 41 Отидоа од гората Ор и расположија логор во Салмон. 42 Заминаа од Салмон и се настанија во Финон. 43 Отпатуваа од Финон и застанаа во Овот. 44 Отидоа од Овот и оптегнаа шатори во моавското подрачје, во Ије-Ха- Аварим. 45 Заминаа од Ије-Ха-Аварим и расположија шатори во Девон Гад. 46 Отпатуваа од Девон Гад и се настанија во Алмон-Дивлатаим. 47 Од Алмон - Дивлатаим отидоа и поставија шатори на Аваримските Гори, пред Нево. 48 А од Аваримските Гори заминаа и расположија шатори во Моавските Полиња, покрај Јордан, спроти Ерихон; 49 се настанија покрај Јордан од Вет-Јесимот сè до Авел-Ситим во Моавските Полиња. 50 Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон: 51 „Речи им вака на Израелевите синови: ‘Кога ќе поминете преку Јордан во Ханаанската Земја, 52 изгонете ги пред себе сите жители на земјата, уништете ги сите нивни слики; уништете ги сите нивни одлеани идоли и разурнете ги сите нивни високи места. 53 Тогаш завладејте ја земјата и населете се во неа, зашто ви ја предавам да стане ваша. 54 Разделете ја земјата со жрепка меѓу сите ваши родови. Зголемете им го делот на побројните, а намалете им го на помалубројните. Каде и да падне жрепката, за кого и да е, тоа нека биде негово, а делете им го наследството според татковските племиња. 55 Ако не ги изгоните пред себе жителите на земјата, тогаш тие, кои ќе останат од нив во живот, ќе ви бидат трње во вашите очи и боцкалки во вашите ребра; ќе ве притеснуваат во земјата во која ќе живеете, 56 и ќе постапам со вас како што мислев да постапам со нив.’”
1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Дај им повелба на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во Ханаанската Земја, таа земја ќе ви припадне во наследство; Ханаанската Земја со нејзините граници: 3 Јужната страна ќе се тегне од пустината Син покрај Едом. Јужната граница ќе ви почнува од крајот на Соленото Море на источната страна. 4 Тогаш границата ќе ви заврти кон југ, кон Акравимската Стрмнина, и ќе продолжи преку Син. Ќе допре на југ до Кадис-Варни; потоа ќе излезе кон Хасар-Адар и ќе продолжи до Асмон. 5 Од Асмон границата ќе сврти кон Египетскиот Поток и ќе излезе на море.’ 6 ‘Големото Море ќе ви биде западна граница; тоа нека ви е меѓа кон запад.’ 7 ‘А ова ќе ви биде северна граница: од Големото Море повлечете линија на гората Ор; 8 тогаш повлечете линија од Ор до влезот во Емат; завршеток на границата ќе биде Седад. 9 Тогаш границата ќе се продолжи до Зифрон и ќе заврши во Хасар-Енан. Тоа ќе ви биде северна граница.’ 10 ‘За своја источна граница повлечете линија од селото Хасар-Енан до Сефам. 11 Границата ќе се спушта од Сефам до Ривла, источно од Аин. Оттаму границата ќе се спушти и ќе допре до источниот брег на Хинеротското Езеро. 12 Потоа границата ќе се спушти, низ Јордан, за да заврши при Соленото Море. Тоа ќе биде ваша земја со нејзините граници наоколу.’” 13 Тогаш Мојсеј им нареди на Израелевите синови: „Тоа е земјата што со жрепка ќе ја добиете во наследство, а за која Господ нареди да ја добијат девет племиња и половината од едно племе. 14 Зашто племето на Рувимовите синови според нивните семејства; потоа племето на Гадовите синови според нивните семејства, веќе го добија нивното наследство, како што го прими своето наследство и половината од Манасиевото племе. 15 Тие две ипол племиња го примија своето наследство отаде Јордан, спроти Ерихон, на источната страна.” 16 Господ му рече на Мојсеја: 17 „Ова се имињата на луѓето, кои ќе ви ја поделат земјата: свештеникот Елеазар и Навиновиот син Исус; 18 и земи од секое племе по еден главатар за делба на земјата. 19 Ова се имињата на тие луѓе: Халев, син Ефониев, од Јудиното племе; 20 Самоил, син Амиудов, од Симеоновото племе; 21 Елидад, син Хислонов, од Венијаминовото племе; 22 кнезот Вакхир, Еглиевиот син, од Дановото племе; 23 Од Јосифовите синови: кнезот Анил, син Суфидов, од племето на Манасиевците; 24 кнезот Камуил, син Сафтанов, од племето на Ефремовците; 25 кнезот Елисафан, син Фарнаков, од племето на Завулоновците; 26 кнезот Фалтиил, син Азанов, од племето на Исахаровците; 27 кнезот Ахиуд, син Селомиев, од племето на Асировците; 28 кнезот Федаил, син Амиудов, од племето на Нефталимовците.” 29 Тоа се оние на кои Господ им наложи да им го поделат наследството на Израелевите синови во Ханаанската Земја.
1 Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња кај Јордан, спроти Ерихон: 2 „Нареди им на Израелевите синови да им отстапат на левитите - од наследството што го имаат - градови каде ќе живеат, и пасишта околу градовите. Дајте им го тоа на левитите. 3 Градовите нека им бидат за живеење, а околните пасишта нека бидат за нивните говеда, за нивниот имот и за сите нивни животни. 4 Пасиштата покрај градовите, што им ги отстапувате на левитите, нека зафатат од градските ѕидови надвор до илјада лакти наоколу. 5 Измерете од градот надвор две илјади лакти на источната страна, две илјади лакти на јужната страна, две илјади лакти на западната страна и две илјади лакти на северната страна, така што градот да биде во средина. Тоа нека им бидат градски пасишта. 6 Од градовите што ќе им ги дадете на левитите, шест ќе бидат градови-засолништа, што ќе ги отстапите за да може убиец да избега таму. Кон овие придајте уште четириесет и два града. 7 Така, сите градови, што ќе им ги отстапите на левитите, ќе бидат четириесет и осум со нивните пасишта. 8 А од градовите што ќе ги одвојувате од сопственоста на Израелевите синови, земете повеќе од оние, кои имаат многу, а помалку од оние, кои имаат малку.” 9 Натаму Господ му рече на Мојсеја: 10 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе преминете преку Јордан во Ханаанската Земја, 11 определете си градови што ќе ви служат како градови-засолништа, каде може да избега убиец, кој убил некого од несакање. 12 Тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот, така што убиецот не треба да загине додека не застане на суд пред заедницата. 13 Од градовите што ќе ги отстапите шест ќе ви бидат за засолниште. 14 Доделете три града отаде Јордан, а три града во Ханаанската Земја. Тие нека бидат градови-засолништа. 15 Тие шест града нека бидат за засолниште како за Израелевите синови така и за странецот и придојденикот, кои престојуваат меѓу нив, каде може да избега секој што убил некого на несакање.’ 16 ‘Но ако некој удри некого со железен предмет па го усмрти, тогаш тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата. 17 Ако го удри со камен во раката, од кого човек може да загине и навистина загине, тоа е пак убиец, убиецот треба да плати со главата. 18 Или ако го удри со некаков дрвен предмет во раката, од кого може да умре и навистина умре, и тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата. 19 Крвниот одмаздник треба сам да го погуби убиецот. Кога ќе го сретне, нека го убие. 20 Натаму, ако некој го турне некого од омраза или намерно фрли нешто врз него па го убие, 21 или ако го удри со раката од злоба па удрениот умре, напаѓачот треба да загине - тој е убиец. Крвниот одмаздник нека го погуби убиецот штом ќе го сретне.’ 22 ‘Но, ако го турне случајно, не од непријателство, или ако фрли нешто на него, ама не од заседа, 23 или од невнимание ако собори врз него камен од кого може да загине човек, па го убие, а не му бил непријател ниту му сакал зло - 24 тогаш општеството нека пресуди меѓу убиецот и крвниот одмаздник според овие правила: 25 заедницата е должна да го избави убиецот од рацете на одмаздникот за крв; тогаш општеството нека го врати во градот-засолниште каде што избегал; тој нека остане таму до смртта на велесвештеникот, кој беше помазан со свето масло. 26 Но ако убиецот излезе кога и да е надвор од границите на неговиот град-засолниште, 27 и крвниот одмаздник го најде надвор од границите на неговиот град-засолниште; па крвниот одмаздник го убие убиецот, тоа не му се смета за крвопролевање, 28 зашто убиецот треба да остане во градот-засолниште до смртта на велесвештеникот. А по смртта на велесвештеникот може да се врати на својот имот.’ 29 ‘Такви нека ви бидат судските постапки од поколение до поколение, секаде каде што ќе престојувате. 30 За секое убиство на човек казната на смрт над убиецот може да биде извршена по доказ на сведоците. Никој не може да биде казнет со смрт по доказ само на еден сведок. 31 Не смеете да примате откупнина за животот на убиецот, кој заслужил смрт: тој треба да умре. 32 Ниту смеете да примате откупнина од кого и да е, кој - откако избега во својот град-засолниште - сака да се врати и да живее на своја земја пред смртта на велесвештеникот. 33 Не запустувајте ја земјата во која што живеете, зашто земјата се онечистува со крвопролевање. И земјата не може да се очисти од крвта, што е пролеана на неа, освен со крвта на оној, кој ја пролеал. 34 Не смеете да ја онечистувате земјата во која што живеете и среде која престојувам Јас; зашто Јас Господ живеам среде Израелевите синови.’”
1 Тогаш пристапија семејните главатари од родот на синовите на Галад, синот Махиров, син Манасиев, од едниот род на Јосифовите синови, па пред Мојсеја и пред старешините, пред главатарите на семејствата, 2 рекоа: „Господ му нареди на нашиот господар да ја даде, со жрепка, оваа земја во наследство на Израелевите синови; натаму, Господ му нареди на нашиот господар да им го даде наследството на нашиот брат Салпад на неговите ќерки. 3 Но ако тие се омажат за некој од друго израелско племе, тогаш нивното наследство ќе биде оттргнато од нашето дедовско наследство и ќе биде приклучено кон наследството на племето на кое тие ќе му припаднат. Така ќе биде одземено наследството што со жрепка ни припадна нам. 4 А кога ќе настапи јубилејната година на Израелевите синови, делот на тие жени ќе му се додаде на делот на племето на кое ќе му припаднат. Така нивното наследство ќе биде одземено од наследството на нашето прадедовско племе.” 5 И по Господова заповед Мојсеј им нареди на Израелците: „Племето на Јосифовите синови зборува право. 6 Ова го наредува Господ за Салпадовите ќерки: Тие нека се мажат за оној, кој ќе им изгледа добар, само нека се мажат во родот на своето татковско племе. 7 Наследството на Израелевите синови не смее да се пренесува од едно племе на друго; и секој Израелец треба да остане приврзан за прадедовското наследство на своето племе. 8 Затоа секоја девојка, која ќе добие наследство во Израелевите племиња треба да се омажи за некој во племето на кое му припаѓа татковиот и род, така што секој Израелец ќе го запази наследството на татка си. 9 Така наследството нема да се пренесува од едно племе во друго, туку секое израелско племе ќе се прилепува до својот дел.” 10 Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Салпадовите ќерки: 11 Мала, Терса, Егла, Мелха и Нуа; ќерките Салпадови, се омажија за синовите на своите стриковци. 12 Бидејќи се омажија во родот на потомството на Манасиј, Јосифовиот син, нивното наследство остана во племето на кое им припаѓаше татковиот им род. 13 Тоа се заповедите и законите што Господ им ги даде, преку Мојсеја, на Израелевите синови, во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон.
1 Ова се зборовите што Мојсеј му ги упати на сиот Израел отаде Јордан, во пустината, во Араб спроти Суф, меѓу Фаран и Тофел, Лавон, Асирот и Дизав - 2 од Хорив до Кадис-Варниј, преку Синајската Гора, на единаесет денови одење. 3 Тоа беше во четириесеттата година, во првиот ден на единаесеттиот месец, кога Мојсеј им кажа на Израелците сè што му нареди Господ за нив. 4 Откако ги порази аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот и во Едраи, 5 значи од онаа страна на Јордан, во Моавската Земја, Мојсеј почна да го кажува овој Закон, и рече: 6 „Господ, нашиот Бог, ни рече на Хорив: ‘Доста престојувавте на оваа гора. 7 Тргнете на пат! Отидете во планинскиот крај на Аморејците и на сите нивни соседи, во Араб, во Горјето, во Долините и во Негев, на морскиот брег, и во Ханаанската Земја и во Ливан, сè до Големата Река, до реката Еуфрат. 8 Ете, пред вас ја ставам оваа земја. И така, отидете и заземете ја земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство по нив.’ 9 Тогаш ви реков: ‘Не можам да ве водам сам. 10 Господ, вашиот Бог, толку ве размножи што денес ве има колку и ѕвезди на небото. 11 Господ, вашиот Бог, нека ве умножи уште илјадапати! Нека ве благословува како што вети! 12 Ама, како би можел јас да го носам сам вашиот товар, вашето бреме и вашите спорови? 13 Заради тоа изберете од вашите племиња умни, искусни и угледни луѓе, за да ви ги поставам за главатари.’ 14 Вие ми одговоривте: ‘Добро е тоа што го предлагаш.’ 15 Затоа ги зедов првенците од вашите племиња, умни и угледни луѓе, па ги поставив за главатари: за илјадници стотници, педесетници, десетници и за ваши племенски надгледувачи. 16 Во тоа време им наложив и на вашите судии: ‘Сослушајте ги своите браќа; судете праведно меѓу човекот и неговиот брат или придојденикот. 17 Немојте да бидете пристрастни во судењето; сослушувајте го малиот како и големиот. Не бојте се од никого! Па судот е Божји! Ако некој случај ви биде претежок, изнесете го пред мене, за да го разгледам јас.’ 18 Така тогаш ви наложив сè што треба да правите.” 19 „Тргнавме од Хорив и, на патот кон горските краеви на Аморејците, како што ни нареди Господ, нашиот Бог, ја поминавме сета онаа голема и страшна пустина што ја видовте. Стигнавме во Кадис-Варниј. 20 Тогаш ви реков: ‘Дојдовте во горскиот крај на Аморејците, што Господ, нашиот Бог, ни го дава. 21 Ете, Господ, твојот Бог, ја стави пред тебе таа земја. Стани! Заземи ја, како што им рече Господ, Бог на твоите татковци. Не бој се! Не стравувај!’ 22 Тогаш сите дојдовте кон мене и рековте: ‘Да испратиме пред себе луѓе за да ја согледаат земјата и за да ни јават за патот по кој ќе одиме и за градовите во кои ќе дојдеме.’ 23 Ми се видоа добри зборовите што ги рековте. Затоа зедов дванаесет луѓе од меѓу вас, по еден од секое племе. 24 Тргнаа кон гората, стигнаа до Есхолската Долина па го извидија крајот. 25 И набраа плодови од онаа земја, ги донесоа кај нас и јавија: ‘Земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог, е добра.’ 26 Ама вие не сакавте натаму; се побунивте против наредбите на Господа, својот Бог. 27 Викавте во своите шатори и велевте: ‘Во својата омраза кон нас, Господ нè изведе од Египетската Земја за да нè предаде во рацете на Аморејците, за да нè уништат. 28 Каде да одиме? Нашите браќа нè обесхрабрија, кога рекоа: „Народот е и поголем и посилен отколку ние; градовите се големи и нивните ѕидови стигаат до небесата. А видовме таму и Енакови потомци.”‘ 29 ‘Не бојте се! - ви реков. Не плашете се од нив! 30 Господ, нашиот Бог, Кој оди пред вас, ќе се бори за вас како што го направи пред вашите очи во Египет. 31 Освен тоа, виде и во пустината, каде Господ, твојот Бог, за време на целиот пат што го поминавте додека не стигнавте на ова место, ве носеше како што човек го носи своето синче.’ 32 Но, и покрај тоа, вие не Му поверувавте на Господа, својот Бог, 33 во Оној, Кој, при патувањето, одеше пред вас за да ви побара место за оптегање на шаторите - цела ноќ во оган за да ви го осветлува патот по кој ќе одите, а цел ден во облак.” 34 „Господ ја чу вашата врева и се заколна во Својот гнев: 35 ‘Ниеден единствен од овие луѓе, од ова опако поколение, не ќе ја види оваа добра земја за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци. 36 Освен Халев, синот Ефониев. Тој ќе ја види; нему и на неговите потомци ќе им ја дадам земјата низ која одеше, зашто верно го следеше Господа.’ 37 Заради вас Господ се налути и на мене па ми рече: ‘Ни ти нема да влезеш онаму. 38 Онаму ќе влезе само Исус, синот Навинов, кој ти служи. Охрабри го ти него, зашто тој ќе го воведе Израел во неговото наследство. 39 А и вашите мали деда, за кои рековте дека ќе станат робови, вашите синови кои не знаат да го разликуваат доброто и злото, тие ќе влезат во неа; ќе им ја дадам ним во сопственост. 40 А вие завртете се и запатете се во пустината, кон Црвеното Море!’ 41 Вие тогаш ми одговоривте со зборовите: ‘Согрешивме против Господа. Ќе тргнеме горе и ќе се бориме како што ни заповеда Господ, нашиот Бог.’ Секој од вас го грабна своето оружје и непромислено тргна горе во планините. 42 Тогаш Господ ми рече: ‘Кажи им: „Не одете горе и не стапувајте во борба, за да не ве поразат вашите непријатели, зашто Јас не Сум меѓу вас.”‘ 43 Така и ви зборував, но не послушавте. Вие и се спротививте на Господовата заповед и, полни со дрскост, тргнавте кон планината. 44 Но Аморејците, кои живееја во гората, удрија на вас, ве збркаа, по вас се нафрлија како пчели, па ве поразуваа од Сир до Орма. 45 Откако се вративте, плачевте пред Господа, ама Господ не го слушаше вашето лелекање, ниту го сврте Своето уво кон вас. 46 Во Кадис требаше да останете долго време, онолку колку што веќе останавте таму.”
1 „Тогаш се свртивме и тргнавме во пустината кон Црвеното Море, како што ми нареди Господ. Долго се вртевме околу гората Сир. 2 И Господ ми рече: 3 ‘Доста се вртевте околу оваа гора. Завртете кон север! 4 И на народот наложи му вака: „Сега ќе поминете преку подрачјето на своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сир. Тие се бојат од вас; ама и вие припазете добро; 5 не зафаќајте бој со нив, зашто нема да ви дадам ни стапка од нивната земја: гората Сир му ја дадов на Исава во наследство. 6 Купувајте од нив храна, со платежни средства, за да имате што да јадете; и водата за пиење купувајте ја од нив со платежни средства. 7 Па Господ, твојот Бог, те благослови во сите дела на твоите раце; Тој бдееше над твоите патувања низ оваа голема пустина; овие четириесет години Господ, твојот Бог, беше со тебе и ништо не ти недостасуваше.”‘ 8 Така, своите браќа, Исавовите потомци, кои живеат во Сир, ги заобиколивме по патот што води во Араб, Елат и во Есион-Гавер, а тогаш се запативме кон Моавската Пустина. 9 Тогаш Господ ми рече: ‘Не ги вознемирувај Моавците ниту војувај со нив, зашто ништо од нивната земја нема да ти дадам во твое наследство: на Лотовите синови им го предадов Ар во сопственост.’ 10 (Порано таму живееја Омините. Беше тоа силен и броен народ; со крупен раст како и Енаковците. 11 Како Енаковците, и нив ги сметаат за Енакимци, ама Моавците ги наречуваат Емими. 12 Исто така во Сир живееја порано Хорејците, ама Исавовите потомци ги истераа, ги истребија, и се населија на нивното место, како што направи и Израел со земјата - со своето наследство - што Господ му ја предаде.) 13 ‘А сега станете и преминете преку потокот Заред!’ И поминавме преку потокот Заред. 14 Времето што го поминавме одејќи од Кадис-Варниј па додека поминавме преку потокот Заред, изнесуваше триесет и осум години - сè додека не изумре во логорот сето она поколение на луѓето способни за борба, како што Господ и им се заколна. 15 И навистина! Господовата рака беше против нив: ги истребуваше од средината на логорот додека ги снема.” 16 „И така, кога смртта ги истреби од народот сите луѓе способни за борба, 17 Господ им рече: 18 ‘Денес го преминуваш моавскиот предел Ар. 19 А тогаш ќе им се приближиш на Амонците. Не ги вознемирувај ниту зафаќај бој со нив. Имено, ништо од земјата на Амонците нема да ти отстапам тебе во наследство, зашто веќе ја предадов во сопственост на Лотовите потомци.’ 20 (И неа ја сметаат за рефаимска земја. Во неа порано живееја Рефаимите, кои Амонците ги викаа Замзуми. 21 Тоа беше силен и многуброен народ; со крупен раст како и Енаковите синови. Но Господ ги уништи пред Амонците - кои ги избркаа и се населија на нивното место, 22 како што, впрочем, им направи и на Исавовите потомци, кои се населени во Сир, кога ги уништи пред нив Хорејците, што тие ги истераа од недвижниот имот и живеат на нивните места до денес. 23 И Авејците, кои живееја во селцата сè до Газа, беа истребени од Кафторците, кои излегоа од Кафтор и се населија на нивното место.) 24 ‘Станете! Тргнете на пат и преминете преку потокот Арнон. Ете, ти ги предавам во рацете на Амореецот Сион, есевонскиот цар, и неговата земја. Почни со освојувањето; предизвикај го на бој! 25 Од денес почнувам да сеам страв и трепет пред тебе во народите, кои се под сите небеса, така што ќе треперат и ќе се тресат пред тебе кога ќе чујат глас за тебе.’” 26 „Тогаш испратив, од пустината Кедемот, гласници при есевонскиот цар Сион со мирољубиви зборови: 27 ‘Пушти ме да поминеме преку твојата земја. Само ќе поминам по патот, не свртувајќи ни десно ни лево. 28 Продај ми храна за сребреници за да можам да јадам; и вода за пиење давај ми за сребреници. Пушти ме само да поминам пеш, 29 да поминам преку Јордан во земјата што ни ја дава Господ, нашиот Бог - како што ми дозволија Исавовите потомци, настанети во Сир, и Моавците, кои живеат во Ар.’ 30 Ама есевонскиот цар Сион не сакаше да нè пушти преку своето; зашто Господ, твојот Бог, му го заслепи духот, а срцето му го закорави, за да го предаде во твоите раце. 31 Тогаш Господ ми рече: ‘Ете почнав да ти ги предавам Сион и неговата земја. Почни со освојувањето за да загосподариш со неговата земја.’ 32 Сион нè пресретна при Јаса. 33 Тој се нафрли и сиот негов народ. Но Господ, нашиот Бог, ни го предаде, така што ги поразивме него, неговите синови и сиот негов народ. 34 Тогаш ги освоивме сите негови градови и ги предадовме на проклетство сите негови градови со мажите, жените и децата, не штедејќи ништо, 35 освен добитокот, што го зедовме како плен, заедно со пленот од градовите што ги освоивме. 36 Од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, и од градот што е во неговата долина, па до Галад немаше град што би ни се спротивил: Господ, нашиот Бог, ни ги предаде сите. 37 Единствено не се доближувавме кон земјата на Амонците, кон крајот покрај потокот Јавок, и кон градовите во подгорјето, како што одреди Господ, нашиот Бог.”
1 „Тогаш се свртивме и тргнавме кон Васан. Нè пресретна васанскиот цар Ог, со сиот свој народ, и ни наметна бој кај Едреи. 2 Тогаш Господ ми рече: ‘Не бој се од него! Па во твои раце ги предадов: него, сиот негов народ и неговата земја. Направи со нив како што направи со Сион, царот аморејски, кој живееше во Есевон.’ 3 Така Господ, нашиот Бог, ни го предаде во наши раце и васанскиот цар Ог со целиот негов народ. Го поразивме, така што никој не остана жив. 4 Тогаш ги освоивме сите негови градови. Немаше град што не им го одзедовме - шеесет градови, поточно целата арговска покраина, Оговото Царство во Васан. 5 Сите оние градови беа утврдени со високи ѕидови, врати и лостови. Покрај нив имаше мошне многу и отворени селца. 6 Ги предадовме на проклетство - како што направивме и со Сион, есевонскиот цар - сотирајќи го секој град со мажите, жените и децата. 7 А сиот добиток и пленот ги задржавме за себе. 8 Така во тоа време ја зедовме, од рацете на двајцата аморејски цареви, земјата што се наоѓа отаде Јордан, од потокот Арнон до гората Ермон ( 9 Сидонците го наречуваат Ермон-Сирион, а Аморејците го викаат Сенир): 10 сите градови на висорамништето, сиот Галад и сиот Васан, сè до Салха и Едреи - градови на Оговото Царство во Васан. 11 Васанскиот цар Ог е единствен од останатите Рефаимовци.” (Неговото легло, од железо, уште се наоѓа во Рава, во градот на Амоновите синови: десет лакти - обични лакти - е долг, а четири лакти широк, машки лакти.) 12 „И така, тоа е земјата што ја зазедовме во она време, почнувајќи од Ароир, што е покрај потокот Арнон. Половината од Галадското Подгорје со неговите градови им ја дадов на Рувимовците и Гадовците. 13 Остатокот од Галад и сиот Васан, Оговото Царство, им го доделив на половината Манасиево племе. (Сета Арговска Краина и сиот Васан се викаат Рефаимска Земја. 14 Манасиевиот син Јаир ја зазеде сета Арговска Покраина до меѓата на Гесурците и Махатците. Тој ги нарече тие села со своето име, па уште и денес се викаат Авот-Јаир, Јаирови Села.) 15 На Махир му го дадов Галад. 16 На Рувимовците и Гадовците им доделив од Галад до потокот Арнон, - средината на потокот е меѓа - и до потокот Јавок, до амонската граница. 17 А како граница служеа Араба и Јордан од Хинерот до морето покрај Араба - (покрај Соленото Море) - во подножјето на стрмнините на Фазга кон исток. 18 Во она време ви наредив: ‘Господ, вашиот Бог, ви ја дава оваа земја во сопственост. Сите вие војници, тргнете вооружени пред своите браќа Израелеви синови. 19 Единствено вашите жени, вашите деца и вашиот добиток - знам дека имате многу добиток - нека останат во вашите градови што ви ги доделив, 20 додека Господ не им даде мирен престој и на вашите браќа како и вам; така што и тие да ја заземат земјата што Господ, вашиот Бог, им ја дава од онаа страна на Јордан. Па тогаш секој од вас нека се врати на недвижниот имот што ви го доделив.’ 21 Во она време му наредив на Исуса: ‘Со своите очи виде што им стори Господ, вашиот Бог, на оние двајца цареви. Така ќе направи Господ со сите царства, преку кои ќе поминуваш. 22 Не плашете се од нив! Па Господ, вашиот Бог, се бори за вас.’” 23 ‘Тогаш замолив милост од Господа: 24 ‘Боже мој, Господи. Ти почна да му ги покажуваш на својот слуга Своето величество и Својата сила. Па кој бог, на небото или на земјата, може да направи такви дела и чудеса какви што се Твоите! 25 Дозволи ми да отидам онаму и да ја погледам онаа Блажена Земја преку Јордан, оној убав горски крај и Ливан!’ 26 Ама Господ, заради вас, беше лут на мене, и не ме послуша. ‘Доста - ми рече Господ - не ми зборувај веќе за тоа! 27 Искачи се на врвот Фасга и насочи ги своите очи кон запад, север, југ и исток. Разгледај добро со своите очи, зашто нема да поминеш преку Јордан. 28 Упати го Исуса, зајакни го и охрабри го! Тој нека оди на чело на овој народ; тој нека ги воведе во наследство на земјата што ја гледаш.’ 29 Така останавме во таа долина покрај Вет-Фегор.”
1 „А сега, Израеле, послушај ги законите и уредбите на кои ве учам, за да ги вршите и така да поживеете па да ја заземете земјата, што ви ја дава Господ. 2 Ниту додавајте нешто на тоа што ви заповедам ниту одземајте нешто од тоа; вршете ги заповедите на Господа, на својот Бог, што ви ги давам. 3 Видовте со своите очи што направи Господ со Велфегор: зашто Господ, твојот Бог, го откорна од твојата средина секој, кој го следеше Велфегор. 4 А сите вие кои се држите цврсто за Господа, живи сте и денес. 5 Ете, Јас ве поучив за законите и уредбите, како што Господ, мојот Бог, ми нареди да ги вршите во земјата во која одите, за да ја наследите. 6 Пазете ги и вршете ги: тоа ќе биде, во очите на народите, ваша мудрост и ваша разумност. Кога тие ќе чујат за сите овие закони, ќе речат: ‘Само еден народ е мудар и умен, а тоа е овој голем народ.’ 7 Зашто, кој народ е толку голем за да му бидат боговите толку близу како што ни е Господ, нашиот Бог, нам, кога ќе го повикаме? 8 Кој е тој народ толку голем да би имал закони и уредби праведни како што е сиот овој Закон што јас ви го изнесувам денес? 9 Затоа внимавај и чувај се добро да не ги заборавиш делата што ги виде со своите очи; нека не ти исчезнат од срцето ниту во еден ден на твојот живот; спротивно, поучи ги за нив твоите синови и синовите на твоите синови. 10 Оној ден, кога стоеше на Хорив пред Господа, својот Бог, Господ ми рече: ‘Собери Ми го народот! Сакам да ги чујат Моите зборови, за да се научат да се бојат од Мене за целото време додека ќе живеат на земјата, па да ги поучат за нив и своите деца.’ 11 Тогаш вие се приближивте и застанавте под гората. А гората гореше и пламенот се креваше до среде небото, замрачено со темен облак. 12 Господ ви зборуваше вам од средината на огнот; вие го чувте гласот на зборовите, но не видовте образ, а само глас. 13 Ви го објави Својот завет и ви наложи да ги вршите - Десетте заповеди, што ги напиша на две камени плочи. 14 А мене Господ ми нареди да ве поучам на законите и уредбите што ќе ги вршите во земјата во која одите да ја владеете.” 15 „Внимавајте добро! Во оној ден кога Господ, вашиот Бог, ви зборуваше пред огнот на Хорив, не видовте никаков лик, 16 за да не се расипете па да не си направите за себе некаков делкан лик, кип со машко или женско обличје, 17 ниту со обличје на некакво животно што е на земјата, ниту со обличје на некаква птица што лета под небото, 18 ни со обличје на што и да е што ползи по земјата, ни со обличје на некаква риба што е во водата, под земјата, 19 и за да не се заведеш, кога ќе ги подигнеш своите очи кон небото па ги видиш сонцето, месечината и ѕвездите - сета небеска војска - па да им се клањаш и да им искажуваш почитување. Господ, твојот Бог, им ги даде нив на сите народи, секаде под небото. 20 А Господ ве зеде вас и ве изведе од Египет - од онаа вжарена печка - за да станете народ на неговото наследство, тоа што сте денес. 21 Но заради вас Господ се налути на мене и се заколна дека нема да поминам преку Јордан и да влезам во Блажената Земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство. 22 Така, јас ќе умрам во оваа земја; јас нема да поминам преку Јордан. А вие ќе поминете и ќе ја завладеете онаа прекрасна земја. 23 Затоа внимавајте да не го заборавите Заветот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас, па не правете си за себе делкани ликови на што и да е што го забрани Господ, твојот Бог. 24 Зашто, Господ, твојот Бог, е оган што проголтува; Тој е Бог Ревнител. 25 Кога ќе народите деца и внучиња и кога ќе престојувате подолго во онаа земја, а ќе се расипете правејќи за себе било какви делкани ликови и вршејќи зло во очите на Господа, својот Бог, така што ќе Го предизвикате на гнев, 26 знајте - ги земам за сведоци против вас небесата и земјата - дека бргу ќе ве снема од земјата во која што одите преку Јордан за да ја наследите: не ќе живеете долго во неа, туку ќе бидете откорнати. 27 Господ ќе ве распрсне меѓу народите, и ќе остане само мал број од вас меѓу народите среде кои ќе ве одведе Господ. 28 Таму ќе им се поклонувате на богови што човечки раце ги направиле од дрво и камен, на богови кои не можат ни да видат ни да чујат, ни да јадат ни да мирисаат. 29 Таму ќе Го бараш Господа, својот Бог. И ќе Го најдеш ако го бараш со сето свое срце и со сета своја душа. 30 Сè тоа ќе те снајде во твојата неволја, ама во последното време ти ќе Му се обратиш на Господа, својот Бог, и ќе го послушаш Неговиот глас. 31 Па Господ, твојот Бог, е милосрден Бог; Тој нема да те остави ни да те погуби, ниту ќе го заборави Заветот што со заклетва го склучил со твоите татковци.” 32 „Испитај ги само поранешните времиња што поминаа пред тебе, сè откако Господ го создаде човекот на земјата: дали имало некогаш, од едниот крај на небесата на другиот, оволку величествен настан? 33 Дали некогаш некој народ го чул гласот на Бога како зборува пред огнот како што го чу ти и остана жив? 34 Или, дали се обиде некој бог да отиде и да си земе за себе еден народ, од средина на друг народ, со искушенија, со знакови, со чудеса и со војна, со цврста рака и со испружена мишка, покрај силни стравотии, како што сè тоа го направи за вас, пред вашите очи, Господ, вашиот Бог, во Египет? 35 Тоа ти беше покажано тебе за да знаеш дека Господ е вистински Бог и дека нема друг освен Него. 36 Од небото ти го слушаше Неговиот глас, за да те поучи; ти дозволи да го видиш Неговиот голем оган на земјата; и ги чу Неговите зборови од средината на огнот. 37 Заради тоа што ги љубеше твоите татковци, го избра после нив нивното потомство; Тој, Самиот, те изведе од Египет со Својата голема сила; 38 пред тебе растера, и побројни и посилни од тебе, народи, за да те доведе во нивната земја и за да ти ја предаде тебе во наследство, како што е и денес. 39 И така, денес сознај и засади во своето срце: Господ е Бог горе на небото и тука на земјата - друг нема. 40 Пазете ги Неговите закони и Неговите заповеди што ти ги давам денес, за да ви биде добро и тебе и на твоите деца по тебе; за да поживееш долго на земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава засекогаш.” 41 Тогаш Мојсеј избра три града преку Јордан, на источната страна, 42 каде ќе може да се засолне убиец, кој убил неволно свој ближен, а да немаше порано омраза кон него: за да може, бегајќи во некој од овие градови, да го спаси својот живот. 43 Тоа се: Восор во пустината, на високорамнината, за Рувимовците; Рамот во Галад, за Гадовците и Голан во Васан, за Манасиевците. 44 Ова е Законот што Мојсеј го постави пред Израелевите синови; 45 ова се напатствијата, законите и уредбите што Мојсеј им ги даде на Израелците кога излегоа од Египет, 46 од онаа страна на Јордан, во долината спроти Вет-Фегор, во земјата на аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и кого го поразија Мојсеј и Израелевите синови, откако излегоа од Египет. 47 Ја зазедоа неговата земја и земјата на васанскиот цар Ог, на двата аморејски цареви кои живееја преку Јордан на исток, 48 од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, до гората Сион, односно Ермон, 49 и сета Араба преку Јордан, на исток до морето во Араба, под стрмнините на Фазга.
1 Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Чуј ги, Израеле, наредбите и заповедите што ви ги кажувам денес во вашите уши! Научете ги и пазете ги, и вршете ги. 2 Господ, нашиот Бог, склучи со нас Завет на Хорив. 3 Господ не го склучи тој Завет со нашите татковци, туку токму со сите нас, кои сме живи денес, тука. 4 Господ зборуваше со вас лице во лице на гората, од средината на огнот. 5 Во тоа време јас стоев меѓу Господа и вас, за да ви ги известам Господовите зборови, зашто вие не сакавте, заради стравот од огнот, да се искачите на гората. Тогаш рече: 6 ‘Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството. 7 Да немаш други богови покрај Мене! 8 Не прави си резан лик ни некаква слика на што и да е горе во небото или долу на земјата, или во водите под земјата. 9 Не клањај им се ниту им служи. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ги казнувам гревовите на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата, на внучињата и на правнучињата, 10 а им искажувам милост на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди. 11 Не земај го напразно името на Господа, својот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној, кој го зема напразно Неговото име. 12 Одржувај го саботниот ден за да го осветуваш, како што ти заповеда Господ, твојот Бог. 13 Шест дни работи и извршувај ги сите свои работи. 14 А седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог; не врши во него никаква работа, ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот вол, ни твоето осле, ниту некое твое добиче, ниту придојденикот, кој е во твоите градови; така да може да се одмори и твојот слуга, и твојата слугинка како и ти. 15 Спомни си дека и ти беше роб во Египетската Земја и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, со силна рака и со испружена мишка. Затоа ти заповеда Господ, твојот Бог, да го пазиш саботниот ден. 16 Почитувај ги татка си и мајка си, како што Господ, твојот Бог, ти заповеда, за да живееш долго и за да ти биде добро на земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава. 17 Не убивај! 18 Не прељубодејствувај! 19 Не кради! 20 Не сведочи лажно против својот ближен! 21 Не посакувај ја жената на својот ближен! Не лакоми за куќата на својот ближен, за неговата нива, за неговиот слуга, за неговата слугинка, за неговиот вол, за неговото осле, ниту за нешто што е на твојот ближен.’” 22 „Тие зборови на гората, од средината на огнот, на облакот и на густата темнина, со силен глас Господ му ги упати на сиот ваш собир. Не додаваше ништо, туку ги напиша на две камени плочи па ми ги предаде мене. 23 А тогаш, кога го чувте гласот од темнината, додека гората пламтеше во оган, сите ваши главатари и ваши старешини пристапија кон мене 24 па рекоа: ‘Господ, нашиот Бог, ете, ни ги покажа Својата слава и Своето величие; го чувме Неговиот глас од среде огнот; денес видовме дека човек може да остане во живот иако му говори Бог. 25 А сега зошто да умреме? Овој голем оган може да нè проголта; ако го слушаме и натаму гласот на Господа, на својот Бог, можеме да умреме. 26 Зашто, кој смртник го слушал некогаш гласот на живиот Бог како зборува од среде оган - како ние - и останал во живот? 27 Приближи се и ти и слушај сè што ќе ти рече Господ, нашиот Бог. А тогаш кажи ни ти сè што ќе ти рече Господ, нашиот Бог, и ние ќе го слушаме и ќе го исполнуваме тоа.’ 28 Господ ги чу вашите зборови кога ми зборувавте, па ми рече: ‘Ги чув зборовите што тој народ ти ги кажа тебе. Добро е сè што рекоа. 29 Само, кога нивните срца би биле такви секогаш да се бојат од Мене и да ги пазат сите Мои заповеди, за да бидат така постојано среќни, тие и нивното потомство! 30 Ајде, кажи им: „Вратете се во своите шатори!” 31 А ти остани тука кај Мене; ќе ти ги кажам сите заповеди, закони и уредби на кои ќе ги поучиш и кои тие ќе ги вршат во земјата што им ја давам во сопственост.’ 32 И така, внимавајте, како што Господ, вашиот Бог, ви заповеда! Не свртувајте ни десно ни лево. 33 Следете го наполно патот што Господ, вашиот Бог, ви го означи, за да можете така да живеете, да имате среќа и долг живот во земјата што ќе ја добиете во сопственост.”
1 „Ова се заповедите, законите и одредбите за кои Господ, вашиот Бог, ми заповеда да ве поучам во нив, за да ги вршите во земјата во која што одите да ја земете во сопственост 2 за да се боиш, во текот на целиот свој живот, од Господа, од својот Бог, ти, твојот син и синот на твојот син, вршејќи ги сите Негови закони и сите Негови заповеди што ти ги повелам, па да имаш долг живот. 3 Слушај, Израелу, пази ги и врши ги, за да ти биде добро и за да се размножиш во земјата во која течат мед и млеко, како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.” 4 „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден! 5 Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила! 6 Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. 7 Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш. 8 Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите! 9 Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати! 10 А кога Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата за која им се заколна на твоите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе ти ја даде тебе: - со големи и убави градови, што не ги ѕидаше; 11 со куќи полни со секакво благо, што не си ги полнил; со ископани кладенци, што не си ги копал; со лозја и со маслинови градини, што не си ги садел - и кога јадеш и ќе се наситиш: 12 внимавај да не Го заборавиш Господа, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството. 13 Бој се од Господа, од твојот Бог; искажувај Му Нему почитување; заколнувај се во Неговото име. 14 Не одете по други богови, од боговите на другите народи што се околу вас. 15 Зашто Господ, твојот Бог, што стои во твојата средина, е ревнив Бог; гневот на Господа, на твојот Бог, би пламнал против тебе и би те истребил од земјата. 16 Не искушувајте Го Господа, својот Бог, како што Го искушавте кај Маса. 17 Вршете ги точно заповедите на Господа, на својот Бог, Неговите упатства и Неговите закони, кои ги издаде. 18 Врши што е право и добро во очите на Господа, за да ти биде добро и за да влезеш во Добра Земја, за која Господ им се заколна на твоите татковци 19 дека ќе ги истера од неа сите твои непријатели пред тебе; така вети Господ.” 20 „А кога утре ќе те праша твојот син: ‘Што се тие упатства, закони и одредби што ви ги заповеда вам, Господ, нашиот Бог? 21 Кажи му на сина си: ‘Бевме фараонови робови во Египет, ама Господ нè изведе од Египет со силна рака. 22 Пред наши очи Господ направи големи и страшни знаци и чудеса против Египет, против фараонот и против целиот негов дом, 23 а и нас нè изведе оттаму за да нè доведе и за да ни ја даде земјата, која со заклетва им ја вети на нашите татковци. 24 И Господ ни нареди да ги исполнуваме сите овие наредби со стравопочитување кон Господа, кон својот Бог, за да бидеме секогаш среќни и за да живееме, како што е тоа денес. 25 И така, нашата праведност ќе биде: да ги пазиме и да ги вршиме сите овие заповеди пред Господа, нашиот Бог, како што ни нареди.’”
1 „Кога Господ, твојот Бог, те воведе во земјата во која одиш да ја земеш во наследство, и кога ќе истера пред тебе многу народи: Хетејците, Гергесејците, Аморејците, Ханаанците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - седумте народи побројни и посилни од тебе - 2 па кога Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде и кога ти ќе ги поразиш, предај ги на проклетство; немој да склучуваш со нив сојуз ниту да им искажуваш милост. 3 Не земај жена од нив, не мажи ја својата ќерка за нивниот син, ниту жени го својот син за нивна ќерка; 4 зашто тоа би ги одвратило твоите синови од Мене; за да им служат на други богови; Господ би се разгневил против вас, и би те истребил бргу. 5 Туку, направете вака со нив: порушете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, откорнете ги нивните ашери, а изгорете ги нивните резани ликови.” 6 „Па ти си народ посветен на Господа, на својот Бог; Господ, твојот Бог, те избра тебе меѓу сите народи, кои се на земјата, за да му бидеш негов сопствен народ. 7 Господ не ве одбра и не ве прифати дека сте побројни од сите народи - поправо вие сте најмалубројни - 8 туку затоа дека Господ ве љуби и дека ја пази заклетвата со која им се заколна на вашите татковци. Затоа Господ ве изведе со силна рака и ве ослободи од домот на ропството, од власта на фараонот, египетскиот цар. 9 Затоа знај дека Господ, Твојот Бог, е вистински Бог, верен Бог, Кој го пази Својот завет и ја искажува Својата милост до илјада поколенија на оние кои Го љубат и ги пазат Неговите заповеди. 10 А на оние кои Го мразат им враќа направо на нив самите; го уништува без одлагање оној кој Го мрази: му враќа направо на него самиот. 11 Затоа држи ги заповедите, законите и одредбите кои ти ги заповедам денес за да ги исполниш. 12 А како награда - ако ги слушаш овие закони, ако ги пазиш па ги извршуваш - Господ, твојот Бог, ќе ти ги пази Својот Завет и милоста за кои им се заколна на твоите татковци. 13 Ќе те љуби, ќе те благословува и ќе те размножува; ќе ги благословува плодот на твојата утроба и родот на твојата земја: твоето жито, твоето вино, твоето масло, рожбите на твоите говеда и прирастот на твојот добиток во земјата за која им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде тебе. 14 Ќе бидеш благословен над сите народи; во тебе ќе нема ни неплоден ни неплодна, ниту меѓу твоите деца, ниту меѓу твојот добиток. 15 Господ ќе ја отстрани од тебе секоја болест; нема да пушти на тебе ниедно од страшните египетски зла што ги познаваш, туку ќе ги притисне со нив оние што те мразат. 16 Уништувај ги сите народи што Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде. Нека не ги сожалува твоето око. Не клањај им се на нивните богови, зашто тоа ќе биде стапица.” 17 „Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Тие народи се побројни од мене, како ќе ги изгонам тогаш?’ 18 Не бој се од нив! Спомни си што им направи Господ, твојот Бог, на фараонот и на целиот Египет! 19 Помисли на големите искушенија што ги виде со свои очи; на оние знаци и чудеса, па на силната рака и на испружената мишка, со кои Господ, твојот Бог, те изведе. Така Господ, твојот Бог, ќе направи со сите народи од кои се плашиш. 20 Освен тоа, Господ, твојот Бог, ќе испрати меѓу нив стршели додека не изгинат оние што останаа и што се сокрија пред тебе. 21 И така, не трепери пред нив! Па Господ, твојот Бог, е во твоја средина, Бог величествен и страшен. 22 Малку по малку Господ, твојот Бог, ќе ги уништи пред тебе оние народи; и не ќе можеш да ги истребиш одеднаш, за да не се размножат ѕверовите против тебе. 23 Ама Господ, твојот Бог, ќе ти ги предаде тебе и ќе внесува меѓу нив страв додека не бидат уништени. 24 И ќе ги предаде нивните цареви во твои раце, за да го сотреш нивното име под небото. Ниеден не ќе се одржи пред тебе додека не ги уништиш. 25 Изгори ги ликовите на нивните богови! Не лакоми за среброто и златото што е на нив; не земај го, за да не бидеш заведен од него; зашто тоа би Му било гадно на Господа, твојот Бог. 26 Не внесувај гнасотии во својата куќа, за да не бидеш проколнат како и неа; презри ја длабоко и грози се од неа, зашто е проклета.”
1 „Пазете ги и вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да живеете и за да се размножувате, и за да влезете и ја земете во сопственост земјата што Господ, со заклетва, им ја вети на вашите татковци. 2 Спомнувај си за целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги држиш неговите заповеди или не сакаш. 3 Те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сè што излегува од Господовата уста. 4 Твојата облека на тебе не се искина ниту нозете ти отечуваа во овие четириесет години. 5 Тогаш признај во своето срце дека Господ, твојот Бог, те воспитува и те поправува како што човекот го воспитува својот син. 6 И пази ги заповедите на Господа, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и боејќи се од Него! 7 Па Господ, твојот Бог, те води во добра земја: во земја на потоци и извори, на подземни води што извираат во долините и по бреговите; 8 во земја на пченица и јачмен, на винови лози, на смокви и калинки, во земја на мед и маслинки; 9 во земја во која нема да јадеш сиромашки леб, и каде ништо не ќе ти недостасува; во земја каде камењата имаат железо и каде ќе вадиш бакар од нејзините ридови. 10 Ќе јадеш до наситка и ќе Го благословуваш Господа, својот Бог, заради добрата земја што ти ја даде.” 11 „Внимавај да не Го заборавиш Господа, својот Бог, занемарувајќи ги Неговите заповеди, Неговите одредби и Неговите закони што ти ги давам денес. 12 И откако ќе се најадеш до ситост, откако ќе изградиш убави куќи и ќе се населиш во нив; 13 кога крупниот и ситниот добиток ќе ти се намножи; кога ќе насобереш сребро и злато, и кога сè твое ќе напредува, 14 тогаш немој да се воздигне твоето срце и да Го заборавиш Господа, својот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството; 15 Кој те преведе низ онаа голема и страшна пустина, низ земјата на огнени змии и скорпии, низ сув и безводен крај; Кој ти извади вода од цврста карпа; 16 Кој те хранеше во пустината со мана, непозната на твоите татковци, за да те смири и за да те испита па да бидеш среќен на крај. 17 Тогаш не вели во своето срце: ‘ Со својата моќ и со силата на своите раце го спечалив ова богатство.’ 18 Спомни си за Господа, својот Бог! Па Тој ти даде сила да го спечалиш богатството, за да го исполни така - како денес - Својот Завет, за кој им се заколна на твоите татковци. 19 Ако Го заборавиш Господа, својот Бог, и тргнеш по други богови, па им искажуваш почитување, им се поклонуваш ним, ви се колнам денес дека сосем ќе бидете истребени; 20 како народите кои Господ ќе ги погуби пред вас, така ќе ве снема и вас, зашто не го послушавте гласот на Господа, својот Бог.”
1 „Слушај, Израелу! Денес преминуваш преку Јордан, за да потчиниш под себе: народи и поголеми и побројни отколку што си ти; големи градови, со тврдини до небесата; 2 народ голем и со висок раст како Енаковите синови, кои веќе ги познаваш и за кои што си слушал: ‘Кој ќе устои пред Енаковците?’ 3 И така, знај дека денес Господ, твојот Бог, врви пред тебе; Тој ќе ги собори, ќе ти ги потчини тебе. Тогаш ти ќе ги растераш и ќе ги погубиш скоро, како што Господ и ти рече. 4 Откако ќе ги изгони пред тебе Господ, твојот Бог, немој да речеш во своето срце: ‘Господ ме воведе да ја завладеам оваа земја заради мојата праведност.’ Спротивно, заради нечесноста на оние народи Господ ги гони пред тебе. 5 Ти не одиш да ја земеш во сопственост нивната земја заради својата праведност и заради чесноста на своето срце, туку затоа што Господ, твојот Бог, заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе, за да го одржи зборот со кој им се заколна на твоите татковци: Авраам, Исак и Јаков.” 6 „И така, знај дека Господ, твојот Бог не ти ја дава оваа добра земја во наследство заради твојата праведност, зашто ти си народ со корав врат! 7 Спомни си и не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа. 8 На Хорив Го разгневивте Господа, и Господ така пламна на вас, што сакаше да ве уништи. 9 Се искачив на гората за да ги примам камените плочи, плочите на Заветот што Господ го склучи со вас. На гората останав четириесет денови и четириесет ноќи: ниту јадев леб ниту пиев вода. 10 И Господ ми даде две камени плочи, напишани со Божји прст, на кои беа сите зборови што ви ги кажа Господ од среде огнот на гората во денот на собирот. 11 Кога поминаа четириесет денови и четириесет ноќи, Господ ми даде две камени плочи - плочи на Заветот. 12 И Господ ми рече: ‘Стани! Слези итно оттука, зашто се расипа твојот народ, кого го изведе од Египет. Брзо слегоа од патот што им го означив: веќе си направија леан лик.’ 13 Уште Господ ми рече: ‘Го набљудував тој народ. Навистина тоа е коравовратен народ! 14 Остави ме да ги уништам и да го избришам нивното име под небесата, а од тебе да направам народ и посилен и поброен отколку што е овој!’ 15 Се свртив и слегов низ планина, а гората постојано пламтеше во оган. Двете плочи на Заветот ми беа во рацете. 16 Погледнав: навистина згрешивте против Господа, својот Бог. Си одлеавте теле. Така бргу се отклонивте од патот што Господ ви го беше посочил. 17 Ги грабнав двете плочи па ги фрлив од себе со двете раце - ги скршив плочите пред вашите очи. 18 Тогаш се фрлив ничкум пред Господа. Четириесет денови и четириесет ноќи - како и порано - ниту јадев леб ниту пиев вода заради сите гревови што ги направивте, правејќи зло во очите на Господа и срдејќи Го. 19 Зашто се боев од лутината и гневот со кои Господ пламна против вас за да ве сотре. Но Господ и тогаш ме послуша мене. 20 И Господ се расрди силно на Арона, сакаше да го уништи. Тогаш се зазедов и за Арона. 21 Вашиот грев, телето што го бевте направиле, го зедов и го изгорев во оган. Го иситнив во прав и неговиот прав го фрлив во потокот што тече од гората.” 22 „Кај Тавера, кај Маса и Киврот Атава, Го разгневивте Господа. 23 Кога Господ ве испраќаше од Кадис-Варниј, говорејќи: ‘Отидете и земете ја земјата што ви ја дадов,’ се побунивте против словото на Господа, својот Бог; не се надевавте во Него ниту го слушавте Неговиот глас. 24 Му бевте непокорни на Господа откако ве познавам.” 25 „Затоа паднав ничкум и лежев пред Господа четириесет денови и четириесет ноќи, зашто Господ беше рекол дека ќе ве уништи. 26 Го молев Господа и реков: ‘Господи мој, Господи! Не уништувај го Својот народ, Своето наследство што го избави со Своето величие и што го изведе од Египет со силна рака. 27 Спомни си за Своите слуги: Авраама, Исака и Јакова, а не се обѕрнувај на коравоста на овој народ, на неговата нечесност, на неговиот грев, 28 за да не се рече во земјата од која што нè избави: „Господ не можеше да ги воведе во земјата што им ја вети, или ги замрази, па затоа ги одведе во пустината за да ги уништи.” 29 А тие се Твој народ, Твое наследство, оние кои ги изведе со Својата голема сила и со испружената мишка.’”
1 „Во тоа време Господ ми рече: ‘Изделкај две камени плочи како и поранешните па искачи се при Мене на планината; а направи и дрвен ковчег. 2 На плочите ќе ги напишам зборовите кои беа на првите плочи што ги скрши. А потоа положи ги во ковчегот.’ 3 Направив ковчег од багремово дрво, изделкав две камени плочи какви што беа првите, па, со двете плочи во рацете, се искачив на планината. 4 И напиша Тој на тие плочи, како и порано, Десет заповеди, што Господ ви ги рече на планината, од среде огнот, на денот на собирот. Тогаш Господ ми ги даде мене. 5 Се свртив и слегов од гората. Ги положив плочите во ковчегот што го направив. И останаа таму, како што Господ ми нареди. 6 Од Вирот на Јакановите синови, Израелевите синови отидоа кон Мосер. Таму умре Арон и таму беше погребан. Место него свештеник стана неговиот син Елеазар. 7 Оттаму отидоа во Гадгад; од Гадгад во Јотват, во крај богат со потоци. 8 Во тоа време Господ го одвои Левиевото племе да го носи Ковчегот на Господовиот Завет; да стои пред Господа во Негова служба па да го благословува во Негово име, како што прави и денес. 9 Затоа Леви нема дел ни наследство со своите браќа: Господ е негово наследство, како што Господ, твојот Бог, и му рече. 10 На гората останав, како и првиот пат, четириесет денови и четириесет ноќи. И Господ ме послуша и тој пат; не сакаше да те уништи, 11 туку Господ ми рече: ‘Стани! Оди пред овој народ, за да влезат и за да ја завладеат земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам.’” 12 „И така, Израеле, што бара Господ, твојот Бог, од тебе? Само тоа да се боиш од Господа, својот Бог, да одиш по сите Негови патишта; да Го љубиш и да Му служиш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа; 13 да ги пазиш Господовите заповеди и Неговите закони што ти ги давам денес за твое добро. 14 Еве, на Господа, твојот Бог, Му припаѓаат небото, и небото над небесата, земјата, и сè што е на неа. 15 Ама на Господа само вашите татковци му омилеа, и после нив ве избра вас, нивните потомци, меѓу сите народи, како што е и денес. 16 Обрежете го своето срце; не го коравете веќе вратот! 17 Зашто Господ, вашиот Бог, е Бог над боговите, Господар над господарите, Бог голем, силен и страшен, Кој не е пристрасен и не се поткупува; 18 им дава правда на сиракот и на вдовицата; го љуби придојденикот, му дава храна и облека. 19 Љубете го и вие придојденикот, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја. 20 Бој се од Господа, својот Бог; служи Му Нему; прилепи се до Него; заколнувај се во Неговото име. 21 Тој е твоја слава, твојот Бог, Кој заради тебе направи големи и чудесни дела што ги видоа твоите очи. 22 Твоите татковци, кога се спуштија во Египет, беа само седумдесет, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен па ве има како ѕвезди на небото.”
1 „И така, љуби Го Господа, својот Бог, и врши ги во сите дни Неговите наредби, Неговите закони, одредби и заповеди. 2 Вие, а не вашите синови, кои не ги запознаа и не ги видоа поуките на Господа, вашиот Бог, денес се уверивте во Неговото величие, во Неговата силна рака, во испружената мишка, 3 за Неговите знаци и за делата што им ги направи, среде Египет, на фараонот, египетскиот цар, и на целата негова земја; 4 што им стори на египетската војска, на нивните коњи и на колите; како ги преплави со водите на Црвеното Море кога ве гонеа, и како ги сотре до денешниот ден; 5 што стори за вас во пустината додека не стигнавте до ова место; 6 што направи со Датан и Авирон, синовите на Елиав, Рувимовиот потомок, кога земјата ја отвори својата утроба па ги проголта среде целиот Израел нив и нивните семејства, нивните шатори и сè што имаа. 7 Вашите очи ги видоа сите тие големи дела што Господ ги направи.” 8 „Затоа пазете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да бидете силни па да ја земете во сопственост земјата во која одите да ја освоите; 9 најпосле, за да живеете долго во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде ним и на нивното потомство - земјата во која течат мед и млеко. 10 Зашто земјата во која одиш да ја земеш во сопственост не е како Египетската Земја од која излеговте, каде, откако ќе го посееше семето, требаше да го напојуваш со својата нога како што се напојува зеленчукова градина. 11 Земјата во која одите да ја земете во сопственост е земја на планини и долини, и ја натопува небескиот дожд; 12 земја над која бдее Господ, твојот Бог, на која очите на Господа, твојот Бог, почиваат постојано, од почетокот до свршетокот на годината.” 13 „‘Затоа, ако навистина ги послушате заповедите што ви ги давам денес, и ако Го љубите Господа, својот Бог, и ако Му служите со сето свое срце и со сета своја душа, 14 ќе и давам на вашата земја дожд во право време: наесен и напролет, и ќе можеш да ги собираш: своето жито, своето вино и своето масло; 15 ќе му давам трева на твоето поле за твојот добиток. Така ќе јадеш и ќе бидеш сит.’ 16 Внимавајте да не биде заведено вашето срце, да не тргнете по грешен пат, да не им искажувате почитување на други богови и да не им се клањате. 17 Зашто тогаш Господ ќе пламне со гнев против вас: ќе ја затвори небесата; ќе нема дожд; земјата не ќе дава род, и вас ќе ве снема брзо од таа добра земја што Господ ви ја дава.” 18 „Вложете ги овие мои зборови во своето срце и во својата душа; врзете ги како знак на својата рака; нека ви бидат како запис меѓу очите! 19 Поучете ги на нив своите синови, изговорувајте ги кога седите во својата куќа и кога одите патем; кога легнувате и кога станувате. 20 Напишете ги на довратниците на својата куќа и на својата врата, 21 за да бидат вашите денови и деновите на вашите синови - во земјата за која Господ им се заколна на вашите татковци дека ќе им ја даде - бројни како деновите на небесата над земјата. 22 Ако ги држите верно сите овие заповеди кои ви ги наредувам, ако ги вршите и ако Го љубите Господа, својот Бог, ако одите по сите Негови патишта и ако се прилепите цврсто до Него, 23 Господ ќе ги протера од пред вас сите тие народи, и вие ќе завладеете помногубројни и посилни народи од себе. 24 Секое место на кое ќе стапне вашата нога ќе биде ваше; од пустината и од Ливан, од Реката, од реката Еуфрат, до Западното Море, ќе се тегне вашето подрачје. 25 Никој не ќе се одржи пред вас; Господ, вашиот Бог, ќе внесе страв и трепет по сета земја во која ќе стапите, како што ви рече.” 26 „Гледајте! Денес ви нудам благослов и проклетство: 27 благослов, ако ги слушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви ги давам денес; 28 а проклетство, ако не ги слушате заповедите на Господа, својот Бог, туку се отклоните од патот што ви го одредувам денес па тргнете по други богови, што не ги познавате. 29 Кога Господ, твојот Бог, те воведе во земјата во која одиш да ја земеш во сопственост, тогаш искажи благослов над гората Гаризим, а проклетство над гората Евал. 30 Тие гори се издигаат, како што знаете, отаде Јордан, зад патот кон запад, во земјата на Ханаанците, кои живеат во Араб, спроти Галгал, покрај Дабот Море. 31 Ете ќе преминете преку Јордан за да ја земете во сопственост земјата што ви ја дава Господ, вашиот Бог. Заземете ја и населете се во неа. 32 Но пазете ги и вршете ги сите закони и одредби што ви ги изложувам денес.”
1 „Овие се законите и одредбите што треба да ги пазите и да ги вршите во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во сопственост за сите денови што ќе ги живеете на земјата. 2 Срамнете ги со земјата сите места на кои народите, кои ќе ги изгоните, им искажуваа почитување на своите богови, без обѕир на тоа дали се наоѓаат на високите планини, на ритчињата или под некакво зелено дрво. 3 Урнете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, изгорете им ги ашерите, здробете ги киповите на нивните богови, затрете им ги имињата од оние места. 4 На Господа, својот Бог, не искажувајте Му онакво почитување. 5 Барајте Го Господа, својот Бог, единствено на местото што Тој Самиот го одбра, среде сите ваши племиња, за да го стави таму Своето име и за да престојува таму; 6 донесувајте ги таму своите паленици и своите закланици, своите десетоци и даровите на своите раце, своите заветни приноси и доброволните приноси и првородените од својот крупен и ситен добиток. 7 Јадете таму, вие и вашите семејства, пред Господа, својот Бог; веселете се со сè што вашите раце го спечалија и што Господ, вашиот Бог, ви го додели со благослов. 8 Не правете никако како што ние правиме тука денес - секој што нему му изгледа добро - 9 зашто уште не стигнавте во Почивалиштето, во наследството што ти го дава Господ, твојот Бог. 10 Но кога ќе преминете преку Јордан и се населите во земјата што Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство, кога ќе ве смири од сите непријатели кои ќе бидат околу вас, па ќе живеете без страв, 11 тогаш ќе донесувате сè што ви наредувам: своите паленици, своите закланици, своите десетоци, даровите на своите раце и сите свои избрани заветни приноси што ќе Му ги заветувате на Господа - на местото кое Господ, вашиот Бог, ќе го одбере за да го настани таму Своето име. 12 Веселете се тогаш пред Господа, својот Бог, вие, вашите синови и ќерки, вашите слуги и слугинки, и левитот кој ќе биде во вашите градови, зашто тој нема дел со вас ни наследство. 13 Внимавај да не ги принесуваш своите жртви паленици на било кое место што ќе го забележиш, 14 туку само на местото што ќе го одбере Господ, во едно од твоите племиња. Таму принесувај ги своите паленици и таму да извршуваш сè што ти наредувам. 15 Ама секојпат кога срцето ќе ти посака, можеш да заколеш и да јадеш месо во сите свои градови, според благословот што Господ, твојот Бог, ќе ти го дава. И нечистиот и чистиот може да го јаде, како да е од срна или од елен. 16 Ама крв не јади; излејте ја на земја како вода. 17 Во своите места на живеење не јадете го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло ни првородените од својот крупен или ситен добиток; ниту нешто од своите заветувани и од своите доброволни приноси, ни од приносите на своите раце, 18 туку тоа ќе го јадеш пред Господа, својот Бог, во местото кое Господ, твојот Бог, го избере, ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка и левитот кој ќе биде во твоите градови. Провеселете се пред Господа, својот Бог, со сè што твоите раце создале. 19 Внимавај никогаш да не го заборавиш левитот додека си во својата земја. 20 Кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што ти рече, и речеш: ‘Јас би јадел месо” - зашто сакаш да јадеш месо - можеш да го јадеш колку што ти сака душата. 21 Ако местото, што Господ, твојот Бог, го одбра за да го смести во него Своето Име, биде далеку од тебе, тогаш можеш да заколеш што и да било од својот крупен или ситен добиток што Господ ќе ти го даде - како што веќе ти наредив - па да јадеш во кое и да е твое место на живеење колку што ти сака душата. 22 Сепак јади го онака како што се јаде срна или елен: нека го јадат заедно чистите и нечистите. 23 Само внимавај да не јадеш крв! Па крвта е живот. Не смееш да го јадеш животот со месото. 24 Не јади ја; излеј ја на земјата како вода. 25 Не смееш да ја јадеш, за да ви биде добро и тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе го вршиш она што е право во Господовите очи. 26 Ама своите посветени приноси и своите заветни приноси земи ги и носи ги на местото што Господ ќе го избере. 27 Тука принеси ги своите паленици, месото и крвта, на жртвеникот на Господа, својот Бог. Ама крвта од своите закланици излеј ја врз жртвеникот на Господа, својот Бог, а месото изеди го. 28 Пази ги и врши ги сите овие наредби што ти ги пропишувам, за да ви биде добро засекогаш тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе правиш што е добро и праведно во очите на Господа, својот Бог. 29 А кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите против кои одиш да ги истераш од сопственоста пред себе, и кога ќе ги истераш па се населиш во нивната земја, 30 чувај се да не паднеш во стапица; не тргнувај по нив откако ќе бидат уништени пред тебе. Не распрашувај се за нивните богови и не зборувај: ‘Како што оние народи ги почитуваа своите богови, така ќе направам и јас.’ 31 Не постапувај така кон Господа, својот Бог. Па на Господа Му е гнасно и замразено сè она што тие им правеа на своите богови. Зашто ги изгоруваа своите синови и ќерки во чест на своите богови. 32 Пазете сè што ви наредувам; не додавај му ништо на тоа и не одземај му ништо.”
1 „Ако во твојата средина се појави некаков пророк или човек со гледање во соништа, па ти изнесе некаков знак или чудо; 2 и тој знак или чудо, за кое ти зборувал, се исполни, и тогаш тој ти рече: ‘Да тргнеме сега по други богови, кои досега не ги познаваше, и ним да им искажуваме почитување,’ 3 не слушај ги зборовите на тој пророк ни соништата на тој сонувач: па тоа ве искушува Господ, вашиот Бог; сака да дознае дали навистина Го љубите Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа. 4 Одете само по Господа, својот Бог; бојте се од Него; вршете ги Неговите заповеди; слушајте го Неговиот глас, служете Му; прилепете се кон Него. 5 А оној пророк или соновидец нека биде погубен, зашто поттикнуваше на отпаѓање од Господа, од вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја и ве откупи од куќата на ропството. Оној сакаше да те заведе од патот по кој Господ, твојот Бог, ти нареди да одиш. Така треба да го откорнеш злото од својата средина.” 6 „Кога твојот брат, синот на мајка ти, или твојот сопствен син, твојата ќерка, жената во твојата прегратка, или твојот пријател кој ти е како и животот, би те заведувал потајно, велејќи: ‘Ајде да им служиме на други богови,’ кои не ги познаваш ни ти ниту ги познаваа твоите татковци, 7 на боговите на оние народи што ќе бидат околу вас, било близу до тебе, било далеку од тебе, од едниот до другиот крај на земјата, 8 немој да се согласиш ниту го слушај! Твоето око нека не го сожалува; не штеди го и не сокривај го, 9 но уби го! Твојата рака нека се дигне прва за да го умртвиш, а потоа раката на целиот народ. 10 Затрупај го со камења додека не умре, зашто се обидуваше да те одврати од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството. 11 Кога ќе го чуе тоа, целиот Израел ќе се наполни со страв, па веќе не ќе прави такво зло во твојата средина.” 12 „Ако во твојот град, што Господ, твојот Бог, ќе ти го даде да се населиш во него, чуеш како зборуваат: 13 ‘Се појавија лоши луѓе во твојата средина и ги заведоа жителите на својот град, кажувајќи: „Ајде да им служиме на други богови!” - што вие инаку не ги познавате’ - 14 тогаш добро истражи, распрашај се и темелно извиди. Ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во твојата средина, 15 тогаш исечи ги со остар меч жителите на тој град, предај ги на проклетство него и сите што се во него и неговиот добиток. 16 Потоа собери го сиот плен среде плоштадот па изгори го градот со сиот плен како паленица за Господа, својот Бог. Нека остане засекогаш урнатина, и веќе никогаш нека не се соѕидува. 17 Од она што беше предадено на проклетство нека ништо не се прилепи за твојата рака, за да се откаже Господ од жестокоста на Својот гнев; за да ти искаже милосрдие, да ти се смилува и да те размножи, како што им се заколна на твоите татковци, 18 ако ти го слушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги сите Негови заповеди, што ти ги наредувам денес, и вршејќи што е право во очите на Господа, твојот Бог.”
1 „Вие сте синови на Господа, својот Бог. Не правете си врз себе врезаници ниту потстрижувања на челото за покојникот. 2 Па ти си народ посветен на Господа, својот Бог; Господ те избра тебе меѓу сите народи на земјата за да бидеш Негов народ, Негова сопственост. 3 Не јадете ништо нечисто. 4 Ова се животните што можете да ги јадете: волот, овцата, козата, 5 еленот, срната, срнчето, козорогот, антилопата, биволот и дивата коза; 6 можете да го јадете секое животно што има раздвоени копита - сосем раздвоени надве - и што прежива. 7 Од преживарите или од животните со раздвоени копита само овие не смеете да ги јадете: камилата, зајакот и питомиот зајак. Имено, па иако преживаат немаат раздвоени копита, нека бидат нечисти за вас. 8 А свињата, иако има раздвоени копита, не прежива; нека биде нечиста за вас. Не јадете од нејзиното месо ниту допирајте ја нејзината мрша. 9 А од сè, што живее во водата ова можете да јадете: сè што има лушпи и перки, можете да јадете. 10 А што нема лушпи и перки не смеете да јадете. Тоа нека биде нечисто за вас. 11 Секоја чиста птица можете да ја јадете. 12 Ама овие не смеете да ги јадете: орелот-стрвник и јастребот, 13 дивата кокошка, соколот од кој и да е вид; 14 гавранот од било кој вид; 15 нојот, јастребот кокошкар, галебот ни крагујот од било кој вид; 16 бувот, утот и лебедот; 17 неситот, белиот стрвинар и нуркачот; 18 штркот, чапјата од било кој вид; пупунчето и лилјакот. 19 Сите крилести бубачки нека бидат нечисти за вас. 20 Сè крилесто чисто можете да јадете. 21 Не смеете да јадете ништо што ќе пцовиса. Дај му го тоа на придојденикот кој престојува во твоите градови нека јаде, или пак продај му го на туѓинецот. Зашто ти си народ посветен на Господа, својот Бог. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.” 22 „Одвојувај десеток од приходот секоја година сè што ќе роди твоето посеано поле. 23 А тогаш јади го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло и од првината на својот крупен и ситен добиток во присуство на Господа, својот Бог, на местото што Тој ќе го избере за да го настани таму Своето Име; за да се научиш така да се боиш секогаш од Господа, твојот Бог. 24 Ако ти биде патот предолг, па не можеш да го донесеш десетокот - зашто е премногу далеку од тебе местото што Господ го избра за да го настани во него Своето Име - тогаш, кога Господ, твојот Бог, ќе те благослови, 25 продај го тоа за сребреници, земи ги сребрениците во раката и оди во местото што го избра Господ, твојот Бог. 26 Тогаш купи за сребрениците што сакаш: говедо, ситно животинче, вино или опоен пијалак - што ќе ти посака душата. Таму во присуство на Господа, својот Бог, јади и весели се ти и твоите домашни. 27 Не го заборавај левитот, кој ќе биде во твоите градови, зашто тој нема дел ни наследство со тебе. 28 На крајот на секоја трета година изнеси го сиот десеток на својот приход од таа година и положи го при твојата врата. 29 Па нека дојде левитот - зашто нема дел ни наследство со тебе - придојденикот, сиракот и вдовицата, кои живеат во твојот град, и нека јадат и нека се наситат. Така ќе те благословува Господ, твојот Бог, во сите работи што ќе ги преземе твојата рака.”
1 „На крајот на седмата година проштавај ги долговите. 2 Вака нека биде прошката: секој нека му го прости своето побарување на должникот; нека не го бара долгот од својот ближен ни од својот брат, кога еднаш ќе биде прогласено Господовото проштавање на долговите. 3 Можеш да бараш од туѓинецот, ама она што ќе се најде твое кај брата ти, треба да го оставиш, 4 за да нема сиромав кај тебе. Па Господ ќе те благословува изобилно во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство за да ја имаш, 5 само ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите овие заповеди што ти ги давам денес. 6 Господ, твојот Бог, ќе те благословува, како што ти вети, па ќе можеш да им даваш заеми на многу народи, а самиот не ќе треба да ги земаш; и ќе владееш над многу народи, додека тие нема да господарат над тебе. 7 Ако се најде кај тебе некаков сиромав, некој од твоите браќа, во кој и да е град во земјата што Господ, твојот Бог, ќе ти ја даде, не биди со тврдо срце ниту ги затворај своите раце спрема својот беден брат, 8 но отвори ги ширно своите раце и дај му спремно тоа што му недостига. 9 Чувај се да не ти се зароди во срцето опака мисла па да речеш: ‘Седмата година, година на проштавање на долговите, веќе наближува,’ и да не погледаш со лошо око на својот сиромашен брат и да не му дадеш ништо. Тој би Го повикал Господа против тебе, и гревот ќе биде на тебе. 10 Давај му со задоволство, а не срцето да ти биде нерасположено кога му даваш, зашто заради тоа ќе те благословува Господ, твојот Бог, во секоја твоја работа и во секој потфат на твоите раце. 11 Бидејќи бедните никогаш не ќе ги снема од земјата, ти заповедам: отвори ја ширум својата рака за својот брат, за својот беден и за оној што има потреба во твојата земја.” 12 „Ако ти се продаде тебе твојот брат - Евреин или Еврејка - нека ти служи шест години, а на седмата година пушти го слободен од кај себе. 13 Кога ќе го пуштиш слободен од при себеси, не испраќај го со празни раце. 14 Дарувај го со нешто од својот добиток, од своето гумно и од својата каца; со што веќе Господ, твојот Бог, те благословил, дај му и нему од тоа. 15 Спомнувај си како беше роб во Египетската Земја, и како Господ, твојот Бог, те откупи. Затоа ти го заповедам ова денес. 16 Но ако тој ти рече: ‘Не сакам да си одам од кај тебе,’ зашто ве љуби тебе и твојот дом, и зашто кај тебе му беше добро - 17 тогаш земи шило и продупчи му го увото при вратата, и нека ти биде роб засекогаш! Така исто направи и со својата слугинка. 18 Кога ќе го отпушташ слободен од кај тебе, нека не ти биде тешко, зашто заслужил двојна наемничка плата за шест години што ти ги служеше. Затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сè што ќе работиш.” 19 „Сите машки првородени, што ќе ги даде твојот крупен и ситен добиток, посвети Му ги на Господа, својот Бог! Затоа волот првенец не го впрегнувај ниту стрижи го првенецот на својот ситен добиток. 20 Јади го ти и твојот дом секоја година во присуство на Господа, твојот Бог, во местото што ќе го избере Господ. 21 Ама ако имаат некаков недостаток, ако бидат хроми или слепи, или ако имаат некаков грд недостаток, немој да Му ги жртвуваш на Господа, твојот Бог! 22 Изеди ги во својата куќа. И нечистиот и чистиот можат да ги јадат, како срната и еленот. 23 Единствено не смееш да ја јадеш нивната крв! Излеј ја на земјата како вода.”
1 „Пази го месецот Авив и слави ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, зашто Господ, твојот Бог, во месецот Авив, те изведе ноќе од Египет. 2 Како Пасха во чест на Господа, својот Бог, жртвувај од ситниот и крупниот добиток во местото што Господ ќе го избере за да го настани во него Своето Име. 3 Ништо со квас не јади со неа; туку седум денови јади бесквасен леб - леб на огорчение - бидејќи набрзина излезе од Египетската Земја: за да си спомнуваш во текот на целиот свој век за денот кога излезе од Египетската Земја. 4 Седум денови нека не се гледа кај тебе квас на целото твое подрачје, и ништо од месото на жртвата што ќе ја заколеш навечер не смее да остане преку ноќта до утрото. 5 Не е дозволено да се жртвува Пасхата во кој и да е град што ќе ти го даде Господ, твојот Бог, 6 туку во местото кое ќе го избере Господ, твојот Бог, за да го настани таму Своето Име; само таму жртвувај ја Пасхата во предвечерјето, при зајдисонцето, зашто во тоа време излезе од Египет. 7 Испечи ја и изеди ја на местото што ќе го избере Господ твојот Бог. Тогаш наутро сврти се и запати се кон своите шатори. 8 Шест дни јади пресни лебови, а на седмиот ден нека биде свечен собир во чест на Господа, твојот Бог. Не работи никаква работа!” 9 „Изброј седум седмици; а тие седум недели почни да ги броиш кога српот ќе почне да го жние класјето. 10 Тогаш празнувај го празникот Седмици во чест на Господа, својот Бог, принесувајќи Му доброволен принос од своите раце, како што Господ, твојот Бог, веќе ќе те благослови. 11 И весели се тогаш пред Господа, својот Бог - на местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани таму Своето Име - ти, твојот син и твојата ќерка, твојот слуга и твојата слугинка, левитот кој ќе биде во твојот град, придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе бидат кај тебе. 12 Спомни си дека и самиот беше роб во Египет. Затоа пази ги и врши ги овие одредби.” 13 „Празникот Сеници слави го седум денови, откако ќе ги собереш плодовите од твоето гумно и од својата каца. 14 Весели се на својот празник ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка, левитот и придојденикот, сиракот и вдовицата што ќе се најдат во твојот град. 15 Празнувај во чест на Господа, својот Бог, седум денови на местото што ќе го избере Господ, зашто Господ, твојот Бог, ќе те благословува во сите твои жетви, во сите твои производи за да бидеш весел. 16 Трипати во годината сите твои машки нека се појават пред Господа, твојот Бог, на местото што ќе го избере: на празникот Бесквасен леб, на празникот Седмици и на празникот Сеници. Ама никој нека не доаѓа при Господа со празни раце, 17 но секој нека принесе што може, според благословот што ти го додели Господ, твојот Бог.” 18 „Во секој град, што ќе ти го даде Господ, твојот Бог, постави судии и надгледувачи за своите племиња, за да управуваат праведно со народот. 19 Не искривувај ја правдата; не биди пристрасен; не примај поткуп, зашто поткупот ги заслепува очите на мудрите, а ја загрозува работата на праведните. 20 Стреми се кон самата правда, за да живееш долго и за да ја земеш во сопственост земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава.” 21 „Не поставувај ашери и од било какво дрво околу жртвеникот на Господа, својот Бог, што ќе го издигнеш; 22 и не подигај столбови, зашто Господ, твојот Бог, го мрази тоа.”
1 „Не жртвувај Му на Господа, својот Бог, ни вол ни овен што би имал на себе недостаток или некакво зло, зашто тоа е гадно пред Господа, твојот Бог. 2 Ако во твојата средина - во било кој твој град, што ти го дава Господ, твојот Бог - се најде човек или жена да направи тоа што е зло во очите на Господа, твојот Бог, и да го престапи Неговиот Завет: 3 па отиде да им служи на други богови и им се поклони ним, на сонцето, на месечината, или на што и да е од небеското воинство, а што сум го забранил јас, 4 и ти се јави тебе за тоа и ти го чу тоа, тогаш испитај внимателно; и ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во Израел, 5 тогаш тој човек, или таа жена, кои направија такво зло, изведи ги пред градската врата па каменувај ги за да загинат. 6 Осудените на смрт нека бидат погубени на изјава на двајца или тројца сведоци. На збор на еден сведок не смеат да бидат погубени. 7 Најнапред сведоците нека кренат рака на него за да го погубат, а потоа нека ја дигне целиот народ. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.” 8 „Ако ти биде нешто претешко да го пресудиш: убиство, судир за правата, некаква повреда или караница во твојот град, тогаш стани и тргни кон местото што ќе го избере Господ, твојот Бог. 9 Обрни им се на свештениците, на левитите и на судиите кои ќе бидат за тоа време. Прашај ги нив, тие ќе ти пресудат. 10 И направи онака како што ќе ти речат во местото што Господ го избра, и настојувај да направиш сè, што тие ќе те научат тебе. 11 Постапи според напатствието што ќе ти го дадат и според пресудата која ќе ја донесат. Не отстапувај ни десно ни лево од пресудата што ќе ти ја кажат. 12 Ако некој би се спротивил дрско и не би ги послушал ни свештеникот, кој стои таму за да Му служи на Господа, твојот Бог, ни судијата, тој човек нека биде погубен. Така ќе го откорнеш злото од Израел, 13 а сиот народ, кога ќе научи, ќе се бои и веќе нема да се противи дрско.” 14 „Кога ќе стигнеш во земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог, имено; кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа, па тогаш ќе речеш: ‘Сакам да поставам цар над себе, како што го имаат сите други народи околу мене’ - 15 тогаш ќе си го поставиш за цар оној, кого ќе го избере Господ, твојот Бог. Постави некого од своите браќа за цар над себеси, а не смееш да поставуваш над себеси туѓинец, кој не ти е брат. 16 Само нека не држи многу коњи, и нека не го праќа народот во Египет, за да го зголеми бројот на коњите. Зашто Господ ви рече: ‘По овој пат никогаш повеќе не се враќајте!’ 17 И нека нема многу жени, за да не му тргне срцето по суета; и нека не натрупува за себе купови сребро ни злато! 18 А кога ќе седне на царскиот престол, нека го препише за себе на свиток овој Закон од свештениците левити. 19 Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби; 20 за да не се издигне со срцето над своите браќа и за да не сврти настрана од оваа заповед ни десно ни лево, за да би царувал долго, тој и неговите синови, во Израел.”
1 „Свештениците левити - целото Левиево племе - нека немаат дел во наследството со Израел; нека живеат од жртвите палени на Господа и од Неговото наследство. 2 И така, нека немаат наследство меѓу своите браќа: Господ е нивно наследство, како што и им рече. 3 Ова нека биде свештеничка награда од народот - од оние што принесуваат жртва, било тоа да се говеда или овци, на свештеникот треба да му се дадат плешките, вилиците и желудникот. 4 Давај му и првина од своето жито, од своето вино, од своето масло и првината од волната на своите овци, 5 зашто него го избра Господ, твојот Бог, од сите твои племиња; него и неговите синови, за да стојат засекогаш пред Господа, твојот Бог, па да обавуваат служба и да благословуваат во името на Господа. 6 Ако некој левит, кој престојува во некој твој град, каде и да е во Израел, посака со сета своја душа да дојде во местото што го избра Господ, 7 може да служи таму во името на Господа, својот Бог, како и другите негови браќа, левити, кои служат таму пред Господа. 8 Нека јаде еднаков дел како и другите, без обѕир на продадениот татков имот.” 9 „Кога ќе влезеш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, не приучувај се на одвратните гнасности на оние народи. 10 Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка; кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво; 11 никој кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците. 12 Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог. 13 Биди Му сосем верен на Господа, својот Бог. 14 Народите што наскоро ќе ги истераш ги слушаат вражалците и гаталците, но Господ, твојот Бог, не ти го дозволува тоа тебе.” 15 „Господ, твојот Бог, ќе ти издигне од твојата средина, од твоите браќа, Пророк, каков што сум јас: слушајте Го Него! 16 Сосем онака како што и молеше од Господа, својот Бог, на Хорив, на денот на собирот, кога велеше: ‘Не сакам веќе да го слушам гласот на Господа, својот Бог, ниту сакам веќе да го гледам тој силен оган, за да не загинам!’ 17 Господ ми рече на тоа: ‘Право рекоа. 18 Ќе им издигнам Пророк од среде нивните браќа, каков што си ти. Ќе ги положам своите зборови во неговата уста, за да им каже сè што ќе му заповедам. 19 А ако некој не ги послуша Моите зборови што ќе ги зборува Пророкот во Мое име, тој ќе одговара пред Мене. 20 А пророкот, кој би се осмелил да зборува нешто во Мое име, што Јас не сум заповедал да зборува, и кој би зборувал во името на други богови, таквиот пророк нека биде погубен.’ 21 Можеби ќе речеш во своето срце: ‘Како ќе го препознаеме словото што Господ не го изрекол?’ 22 Кога пророкот зборува во името на Господа, па тоа не биде и словото не се исполни, тогаш тоа е зборот што Господ не го кажал. Тој пророк зборуваше во дрскост. Немој да се плашиш од него.”
1 „Кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите чија земја ти ја дава тебе, па кога ги истераш и се населиш во нивните градови и домови, 2 во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, оддели три града. 3 Направи пат натаму, а тогаш подрачјето на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, подели го на три, така да може секој убиец да пребега таму. 4 Ова е случај во кој убиецот може да пребега таму и да го спаси својот живот: кога некој го убие својот ближен неволно, а да не го мразел пред тоа; 5 пример: кога ќе отиде со својот ближен во гората да сече дрва, па замавне со секирата во раката за да го кутне дрвото, железото летнува од дршката и го погаѓа неговиот другар, па тој загинува: таквиот убиец нека пребега во еден од тие градови, и ќе го спаси животот. 6 Инаку крвниот одмаздник, гонејќи го во својот бес убиецот кога патот би бил предолг - би можел да го стигне гонетиот и да го погуби, иако тој не заслужил смрт, бидејќи не го мразеше отпорано убиениот. 7 Затоа ти наредувам оддвои три града! 8 А кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што им се заколна на твоите татковци, и ти ја даде целата земја која им ја вети на твоите татковци, 9 и ако ги пазиш и вршиш сите овие заповеди што ти ги заповедав денес, и Го љубиш Господа, својот Бог, и одиш по Неговите патишта за сето време - тогаш кон овие градови додај уште три града: 10 така не ќе се пролева невина крв во твојата земја која ти ја дава Господ во наследство, и не ќе се извалкаш со крв.” 11 „Но ако некој го мрази својот ближен и го дебне, скокне на него и го убие, а потоа избега во еден од тие градови, 12 тогаш старешините на оној град нека го изведат убиецот и нека го предадат во рацете на крвниот одмаздник за да го погуби. 13 Твоето око нека не го сожалува! Така, во Израел, ќе го искорениш пролевањето на невина крв, и ќе бидеш среќен.” 14 „Не го преместувај соседовиот меѓник, со кој старите го разграничија твојот недвижен имот, што ќе го наследиш во земјата која ќе ти ја даде Господ, твојот Бог, во наследство.” 15 „Нека не станува еден единствен сведок против човек, ниту за каква вина и ниту за каков злостор. Каков и да е прекршокот, пресудата нека почива врз изјавата на двајца или тројца сведоци. 16 Ако некој лажен сведок стане против некого обвинувајќи го за буна, 17 тогаш двата кои се спорат нека стапат пред Господа, пред свештеникот и пред судиите кои ќе ја вршат службата во тоа време. 18 Судиите нека спроведат основна истрага. Ако се покаже дека сведокот е лажен и дека сведочел лажно против брата си, 19 направете му онака како што тој му намислил на својот брат. Откорнете го злото од својата средина! 20 Другите, кога ќе чујат за тоа, ќе се исплашат, па веќе не ќе прават такво зло во твојата средина. 21 Нека не ти се сожалува окото! Живот за живот; око за око; заб за заб; рака за рака; нога за нога.”
1 „Ако тргнеш во војна против своите непријатели па видиш коњи, коли и народ поброен од себе, не бој се од нив! Та со тебе е Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја. 2 Пред бојот свештеникот нека истапи и нека му зборува на народот. 3 Нека им каже: ‘Чуј, Израеле! Денес тргнувате во бој против своите непријатели. Нека не ви премалува срцето! Не плашете се! Не бојте се! Не треперете пред нив! 4 Па Господ, вашиот Бог, иде со вас за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.’ 5 Потоа надгледувачите нека му проговорат на народот: ‘Има ли некој што изградил нова куќа а не се вселил во неа? Нека се врати во својата куќа, за да не загине во бојот па да се всели некој друг во неа. 6 Има ли некој што посадил лозје а уште не го брал? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му го обере друг родот. 7 Има ли некој што се свршил а не се оженил? Нека се врати во својот дом, за да не погине во бојот па да не му ја одведе некој друг свршеницата.’ 8 Воените началници нека продолжат и нека му речат на народот: ‘Кој се бои и кому срцето му е обесхрабрено, нека се врати во својот дом, за да не им се обесхрабрува срцето на неговите браќа како нему.’ 9 Кога надгледувачите ќе го завршат говорот на народот, воените заповедници нека застанат на чело на народот.” 10 „Кога ќе дојдеш под некој град за да се нафрлиш врз него, најнапред понуди му мир. 11 Ако ти одговори со мир и ти ги отвори своите врати, сиот народ што ќе го најдеш во него претвори го во поданик, нека работи за тебе. 12 Но ако го одбие твојот мир и завојува против тебе, опсади го. 13 Кога Господ, твојот Бог, ти го предаде во рацете, погуби ги со остар меч сите негови машки! 14 А жените, децата, добитокот, сè што ќе биде во градот - сиот плен - земи ги за себе, и уживај го пленот од своите непријатели, што ти го дава Господ, твојот Бог. 15 Така постапувај со сите градови, кои се многу далеку од тебе, кои не се од градовите на овие народи оттука. 16 Во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти ги предава во наследство не оставај ништо во живот, 17 туку удри ги со клето уништување: Хетејците и Аморејците, Ханаанците и Ферезејците, Евејците и Евусејците, како што Господ, твојот Бог, ти нареди: 18 за да не ве научат да ги правите сите оние одвратности што им ги прават на своите богови, па да не согрешите против Господа, својот Бог. 19 Кога ќе нападнеш некој град па треба да го опсадуваш долго за да го освоиш, не ги уништувај неговите дрва засечувајќи во нив со секирата. Можеш да им го јадеш плодот, а немој да ги сечеш. Зашто полските дрва не се луѓе за да можат да избегаат пред тебе во тврдината. 20 Единствено дрвата за кои знаеш дека не се овошки можеш да ги ништиш; нив можеш да ги сечеш и да правиш од нив справи за опсадување на градот што е во војна против тебе, додека не падне.”
1 „Ако во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, за да ја земеш во сопственост, се најде некој убиен како лежи во полето - а не се знае кој го убил - 2 тогаш нека отидат твоите старешини и судии и нека ја измерат оддалеченоста од убиениот до градовите наоколу. 3 Така ќе утврдат кој град е најблизу до убиениот. Тогаш старешините на тој град нека земат јуница што уште не работела: што уште не влекла под јарем. 4 Потоа старешините на оној град нека ја отераат јуницата во некој непресушлив поток, на место што не се обработува и што не се сее, и таму, при потокот, нека ја заколат јуницата. 5 Потоа нека дојдат свештениците, Левиевите потомци. Зашто нив ги одбра Господ, твојот Бог, за да Му служат и за да благословуваат во Господово име; и според нивниот збор се решава секој спор и секое насилство. 6 Потоа сите старешини од оној град, што ќе биде најблизу до убиениот, нека ги измијат рацете во потокот над закланата јуница. 7 Потоа нека изјават: ‘Нашите раце не ја пролеаја оваа крв ниту нашите очи видоа што и да е. 8 Закрили го, Господи, Својот народ Израел, што го ослободи; не дозволувај да се пролева невина крв во твојот Израелски народ!’ Така ќе биде заштитен од крвта. 9 А ти ќе го отстраниш пролевањето на невина крв од својата средина ако направиш што е право во Господовите очи.” 10 „Кога ќе отидеш во војна против своите непријатели, па Господ, твојот Бог, ти ги предаде во твои раце, па ги заробиш, 11 ако забележиш меѓу плениците убава жена и се загледаш во неа, можеш да ја земеш за жена. 12 Доведи ја во својата куќа, па нека ја избричи главата, нека ги потсече ноктите, 13 и нека ја отфрли облеката во која беше заробена. Нека помине цел месец во твојот дом, оплакувајќи ги татка си и мајка си. Потоа можеш да и пристапиш како маж, и нека ти стане жена. 14 Ако потоа не ти биде по волја, пушти ја каде што и е мило. Не смееш да ја продадеш за сребреници, ниту да постапуваш со неа како со робинка, зашто ти беше жена.” 15 „Ако некој човек има две жени: една што му е мила, а другата што му е немила, па милата и немилата му родат синови, ама првороденецот е од онаа што не му е возљубена, 16 тогаш, кога ќе дојде денот да го подели својот имот меѓу своите синови, не смее да постапи кон првороденецот од возљубената на штета на синот од немилата, кој е првенец, 17 туку треба да го признае за првороденец синот на невозљубената и да му даде нему двоен дел од сè што има. Зашто тој е првина на неговата сила - нему му припаѓа правото на првородството.” 18 „Ако некој има опак и непокорен син, кој не сака да ги слуша ни таткото ни мајката - па ни тогаш откако ќе го казнат - 19 неговиот татко и неговата мајка нека го одведат при старешините на својот град, при вратата на своето место, 20 и нека им речат на градските старешини: ‘Овој наш син е опак и непокорен; не сака да нè слуша; ништожник е и пијаница.’ 21 Потоа сите луѓе, неговите сограѓани, нека го опсипат со камења додека не загине. Така ќе го откорнеш злото од својата средина: сиот Израел ќе го чуе тоа и ќе се бои.” 22 „Ако некој направи зло што заслужува смрт, па биде погубен со бесење на дрво, 23 неговото мртво тело нека не остане на дрвото преку ноќта, туку погреби го во истиот ден, зашто обесениот е Божјо проклетство. Така нема да ја извалкаш својата земја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство.”
1 „Кога ќе видиш дека скита вол или овца на твојот брат, не поминувај покрај нив, туку отерај ги при својот брат. 2 Ако твојот брат не е близу, или не го знаеш, дотерај ги во својата куќа, па нека останат кај тебе додека твојот брат не дојде по нив. Тогаш врати му ги. 3 Така прави со неговото осле, и со неговата наметка, и со сè што ќе изгуби твојот брат, а ти ќе го најдеш. Не ти е дозволено да поминуваш покрај неговото. 4 Кога забележиш дека ослето на твојот брат или неговиот вол паднале на патот, не отстранувај се, но помогни му да ги дигне.” 5 „Жената не смее да става врз себе машка облека, а мажот не смее да се облекува во женски облеки. Кој го прави тоа, одвратен Му е на Господа, својот Бог. 6 Ако патем наидеш на птичјо гнездо, со птиченца или со јајца, на дрво или на земјата, а мајката лежи врз птиченцата или на јајцата, не земај ја мајката со пилињата: 7 пушти ја мајката на слобода, а земи ги пилињата. Така ќе имаш среќа и долг живот. 8 Кога градиш нова куќа, направи ограда на покривот, за да не ја извалкаш со крв својата куќа, кога некој би паднал од неа. 9 Не сеј разни семиња во своето лозје, за да не биде изгубен целиот едногодишен приход; и плодот на семето и родот на лозјето. 10 Не впрегнувај во плуг заедно вол и осле. 11 Не облекувај се во ткаенина исткана заедно од волна и лен. 12 Направи реси на четирите краишта на наметката со која се наметнуваш.” 13 Ако некој маж земе жена и влезе при неа, но ја замрази потоа, 14 и припише неубавини и ја озлогласи, велејќи: ‘Се оженив со неа ама кога и пристапив, не ги најдов во неа знаците на девственоста’, 15 тогаш таткото и мајката на девојката нека го земат доказот на девственоста на девојката, па нека го изнесат пред градските старешини при вратата. 16 Потоа таткото на девојката нека им проговори на градските старешини: ‘На овој човек му ја дадов ќерка си за жена, ама ја замрази. 17 Затоа и припишува сè што е грдо и тврди: „Не ги најдов во твојата ќерка белезите на девственоста.” Но еве ги девствените знаци на мојата ќерка!’ И нека ја распрострат облеката пред градските старешини. 18 Тогаш старешините на оној град нека го земат мажот и нека го казнат; 19 затоа што раширил лош глас за една израелска девица, нека го казнат со глоба од стотина сребреници па нека му ги дадат на таткото на младата жена. И таа нека му биде и натаму жена, да не може да ја отпушти додека е жив.” 20 „Но ако обвинението - дека не се најде девственоста во младата жена - биде вистина, 21 нека ја изведат девојката при куќната врата на нејзиниот татко, па луѓето на нејзиниот град нека ја засипуваат со камења, додека не умре, зашто направила срам во Израел, предавајќи му се на блудот во татковиот дом. Така ќе го откорнеш злото од својата средина. 22 Ако некој маж биде најден како лежи со жена мажена за друг, двата - и мажот кој лежеше со жената и самата жена - нека бидат погубени. Така ќе го откорнеш злото од Израел. 23 Ако млада девица, верена за некого во градот, ја сретне друг човек и легне со неа, 24 доведете ги двата при вратата на тој град па ги опсипувајте со камења додека не умрат: девојката зашто не викаше помош од градот, а мажот дека ја оскверни жената на својот ближен. Така ќе го откорнеш злото од својата средина. 25 Ако маж наиде во полето на свршена девојка и легне насила со неа, тогаш нека биде погубен само тој што легнал со неа; 26 а на девојката не и прави ништо: нема на неа вина со која би заслужувала смрт. Зашто тоа е како кога некој ќе се нафрли врз својот ближен и ќе го убие. 27 Тој ја затекна во полето; и ако свршената девојка викаше, немало никој да и прискокне на помош. 28 Ако маж наиде на млада девица, која не е верена, па ја грабне и легне со неа, та биде фатен на дело, 29 тогаш мажот кој лежеше со неа нека му даде педесет сребреници на моминиот татко. А бидејќи ја оскверни, нека ја земе за жена, да не може да ја пушти додека е жив. 30 Нека никој не се жени со жената на својот татко и нека не ја открива татковата покривка.”
1 „Нека не биде примен во Господовото собрание скопениот или кому му е пресечен половиот член. 2 Ни вонбрачно родениот нека не биде примен во Господовото собрание; нека не бидат примани ни неговите во Господовото собрание ни до десеттото колено. 3 Во Господовото собрание нека не влегува ни Амонец ни Моавец; никој од нивните, па ни во десеттото поколение, не смее никогаш да влегува во Господовото собрание. 4 А сè заради тоа што не излегоа пред вас со леб и вода кога бевте на пат, откако излеговте од Египет; и затоа што за пари го најмија Веоровиот син, Валаам од Фегор во Арам Нахараим, за да те проколне. 5 Ама Господ, твојот Бог, не сакаше да го послуша Валаама, туку Господ, твојот Бог, го претвори проклетството во благослов, зашто Господ, твојот Бог те љуби. 6 Никогаш не ги подобрувај нивната благосостојба и нивниот имот во сите свои дни довека. 7 Не го презирај Едомецот, зашто тој е твој брат. Не презирај го ни Египетецот, зашто беше придојденик во неговата земја. 8 Нивните потомци можат да бидат примени во Господовото собрание во третото поколение. 9 Кога ќе тргнеш со логорот против своите непријатели, чувај се од секакво зло.” 10 „Ако некој меѓу твоите стана нечист заради ноќното излевање, нека излезе од логорот и нека не се враќа во него. 11 А приквечер нека се искапе во вода, па по зајдисонце може пак во логорот. 12 Имај место надвор од живеалиштето каде ќе одиш понадвор. 13 Со својата спрема носи и лопатче; со него, кога ќе одиш понадвор, ќе ископаш дупка и после ќе ја покриеш својата нечистота. 14 Та Господ, твојот Бог, оди низ средината на твојот логор за да те штити и за да ти ги предаде твоите непријатели. Затоа и твојот логор треба да биде свет. Нека Господ не забележи ништо нечисто во тебе, за да не се одврати од тебе.” 15 „Не смееш да му го предадеш на господарот робот, кој пребегал при тебе. 16 Нека престојува со тебе во твојата средина, во местото што ќе го избере во еден од твоите градови, каде ќе му се допадне. 17 Нека нема светилишна блудница меѓу Израелевите ќерки и нека нема светилишен блудник (содомист) меѓу Израелевите синови! 18 Не донесувај во Господовиот дом, ниту за каков завет, блудничина плата, ниту кучешки сребреници, зашто двете му се одвратни на Господа, твојот Бог. 19 Не барај лихва од својот брат ниту лихва за сребреници, ниту лихва за храна, ниту лихва на што и да е, каде обично се бара. 20 Од туѓинецот можеш да бараш лихви, ама не ги барај од својот брат, за да ти даде Господ, твојот Бог, благослов во секој потфат на твоите раце во земјата во која одиш да ја земеш во сопственост. 21 Кога ќе му заветуваш некаков завет на Господа, на својот Бог, не двоуми се да го исполниш. Навистина, Господ, твојот Бог, ќе го бара од тебе; и ќе имаш грев. 22 Ако не се заветуваш, нема да имаш грев. 23 Но исполни го она што ќе помине преку твоите усни, завет што му го обрече слободно со своите усни на Господа, својот Бог. 24 Ако влезеш во лозјето на својот сосед, слободно ти е да јадеш грозје колку што сакаш, но не смееш да ставаш во својот сад. 25 Ако влезеш во житото на својот сосед, можеш да кинеш класје со раката, но не смееш да принесуваш срп до житото на својот ближен.”
1 „Кога некој ќе земе жена и ќе постапи со неа како маж, а потоа открие на неа нешто неубаво, па таа веќе не наоѓа милост во неговите очи, и тој и напишува разводно писмо, и го дава во раката и ја истерува од својата куќа. 2 А таа откако ќе излезе од неговата куќа, отишла и се омажила за друг маж, 3 па му стана замразена и на тој втор, па и тој и напишува отпусно писмо, и го дава и ја истерува од својата куќа - или ако умре тој што ја зел втор 4 тогаш, бидејќи така се онечистила, не може пак да ја земе оној прв маж, кој ја беше отпуштил. Тоа би било одвратно пред Господа, и не смееш да ја вовлекуваш во грев земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство. 5 Ако некој штотуку се оженил, нека не оди во војската; нека не му се доделува никаква служба, туку ослободен, нека остане дома една година, за да ја развеселува жената што ја довел. 6 Нека не се зема во залог мелница, ни горниот ни долниот дел; па со тоа би бил земен во залог самиот живот. 7 Ако се најде некој да грабне некого од своите браќа Израелци па постапува со него како со роб или ако го продаде, тој грабнувач нека биде погубен! Така ќе го откорнеш злото од својата средина. 8 Ако се појави лепрата, внимавај да пазиш и вршиш грижливо сè она што ќе ве поучат левитските свештеници. Пазете и вршете го тоа што им наредувам ним. 9 Спомнувај си што и стори Господ, твојот Бог, на Маријам на патот, кога излеговте од Египет. 10 Кога на својот ближен му даваш каков и да е заем, не влегувај во неговата куќа за да му земеш залог. 11 Стој надвор, а човекот кому си му дал заем нека ти го изнесе залогот надвор. 12 А ако е тој сиромав, не легнувај со неговиот залог; 13 при зајдисонце треба да му го вратиш залогот, за да може тој да спие во својата наметка и да те благословува тебе. Тоа ќе ти биде добро дело пред Господа, твојот Бог. 14 Не го онеправдувај јадниот и бедниот наемник, било да е тој твој сонародник или придојденик од некој град во твојата земја. 15 Секој ден давај му ја заработката пред зајдисонце, зашто е беден и воздивнува по неа. Така не ќе извика против тебе кон Господа, и не ќе согреши. 16 Нека не се осудуваат на смрт татковците заради синовите ниту синовите заради татковците; нека секој гине заради својот грев. 17 Не ја извртувај правдата на придојденикот ни на сирачето, и не земај ја во залог облеката на вдовицата. 18 Спомни си дека беше робје во Египет, и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, затоа ти налагам да ја вршиш оваа заповед. 19 Кога жниеш жито на својата нива па заборавиш некој сноп на нивата, не се враќај по него; нека остане на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, за да те благослови Господ, твојот Бог, во секој потфат на твоите раце. 20 Кога еднаш ќе ги исчукаш своите маслинки, не пребарувај веќе зад себе; нека им остане тоа на туѓинецот, на сирачето и на вдовицата. 21 Кога ќе го обереш своето лозје, не дособерувај го зад себе; нека им биде тоа на придојденикот, на сирачето и на вдовицата. 22 Спомни си како беше роб во Египетската Земја; затоа ти заповедам да ја вршиш оваа повелба.”
1 „Кога ќе стане караница меѓу луѓето, и дојдат на суд за да им се суди, нека му се даде правото на оној кој е прав, а виновникот нека биде осуден. 2 Ако кривецот заслужува да биде бичуван, судијата нека му нареди да легне, и тука пред него нека му избројат онолку удари колку му следуваат според неговата вина. 3 Можат да му се одредат до четириесет удари, но не повеќе, за да не биде преголемо синилото, па да не се понижи пред тебе твојот брат, кога би му удриле повеќе удари. 4 Не заврзувај му ја устата на волот кога врши. 5 Кога браќата живеат заедно па едниот од нив умре, а да немал син, жената на покојниот нека не се премажува надвор од куќата, туку нека и пристапи кон неа нејзиниот девер и нека си ја земе за жена, па да ја изврши деверската должност. 6 А првиот син што таа ќе го роди нека му остане по име на неговиот брат, за да не изумре неговото име во Израел. 7 Ако, меѓутоа, човекот не сака да се ожени со својата снаа, тогаш неговата снаа нека дојде при вратата пред старешините и рече: ‘Мојот девер не сака да го запази името на својот брат во Израел; не сака да ми ја исполни деверската должност.’ 8 Старешините на неговиот град нека го повикаат и нека го прашаат. Ако биде упорен и рече: ‘Не сакам да се женам со неа,’ 9 неговата снаа нека пристапи кон него, пред очите на старешините, па нека му ја извади обувката од ногата, нека му плукне во лицето и нека ги рече овие зборови: ‘Вака му се прави на човек, кој не сака да го подигне домот на својот брат!’ 10 Тој нека биде наречен во Израел: „Дом на босиот.” 11 Ако двајца се степат, па жената на едниот тргне да го избави својот маж од рацете на оној кој го бие, и таа ја испружи својата рака и го фати оној за срамниот член, 12 отсечи и ја раката, и нека не ја сожалува твоето око. 13 Не носи двоен тег во торбата, поголем и помал. 14 Во својата куќа пак не држи двојна ефа: поголема и помала. 15 Тегот нека ти е потполн и точен, и ефата нека ти е потполна и точна, за да живееш долго во земјата која ти ја дава Господ, твојот Бог. 16 Па на Господа на твојот Бог, му е одвратен оној кој го прави тоа, кој прави неправда. 17 Спомни си за она што ти направи Амалик додека бевте на пат, откако излеговте од Египет; 18 како те пречека на патот и ги истепа во твојата заднина сите немоќни, кога беше уморен и исцрпен, зашто не се боеше од Бога. 19 И затоа, кога Господ, твојот Бог, те смири од сите твои непријатели наоколу во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, избриши го под небото споменот на Амалика. Не заборавај!”
1 „Кога ќе стигнеш во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа, 2 земи малку првини од секој плод, што ќе го добиваш од земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава: стави ги во кошница, отиди во местото што Господ, твојот Бог, ќе го избере за да го настани во него Своето Име. 3 Пристапи му на свештеникот, кој тогаш ќе ја врши службата, и речи му: ‘Признавам денес пред Господа, својот Бог, дека стигнав во земјата, за која Господ им се заколна на нашите татковци дека ќе ни ја даде. 4 Потоа свештеникот ќе ја земе кошницата од твојата рака и ќе ја положи пред жртвеникот на Господа, твојот Бог. 5 Тогаш ти продолжи и кажи пред Господа, својот Бог: ‘Мојот татко беше арамејски скитник, кој со малку деца стигна во Египет за да се засолне. Ама таму стана голем, многуброен и силен народ. 6 Египетците постапуваа со нас лошо; нè угнетуваа и ни наметнаа тешко ропство. 7 Извикнувавме кон Господа, кон Бога, на нашите татковци. Господ го чу нашиот извик; ги виде нашиот јад, нашата неволја и нашата мака. 8 Господ нè изведе од Египет со силна рака и со испружена мишка, со голем страв со знаци и со чудеса. 9 И нè доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која течат мед и млеко. 10 И ете, сега, ги донесувам најпрвите плодови од почвата што си ми ја дал, Господи.’ Стави ги пред Господа, својот Бог, и искажи Му почитување. 11 А тогаш заедно со левитот и со придојденикот, кој ќе биде кај тебе, уживај ги сите добра со кои Господ, твојот Бог, те опсипа тебе и твојот дом. 12 А кога во третата година - годината на десетоците - го завршиш одделувањето на сите десетоци од своите приходи и им ги дадеш на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата по твоите градови, за да јадат до наситка, 13 тогаш, пред Господа, својот Бог, изјави: ‘Од дома го отстранив она што беше посветено. Им дадов уште и на левитот, на придојденикот, на сирачето и на вдовицата, според сите Твои заповеди што си ми ги дал. Не прекршив и не заборавив ниедна Твоја заповед. 14 Ништо не јадев од тоа при жалост; ништо не жртвував од тоа во нечистота, ниту му дадов нешто од тоа на мртовецот; го слушав гласот на Господа, својот Бог; во сè направив како што ми нареди. 15 Погледај од небесата, од Своето Свето Живеалиште, и благослови го својот Израелски народ и земјата која ни ја даде, земјата во која течат мед и млеко - како што им се заколна на нашите татковци.’” 16 „Господ, твојот Бог, ти заповеда денес да ги вршиш овие закони и одредби. Пази ги, и така, и исполнувај ги со сето свое срце и со сета своја душа. 17 Денес се договори со Господа дека Тој ќе ти биде Бог, а ти дека ќе одиш по Неговите патишта, дека ќе ги пазиш Неговите закони, Неговите заповеди и Неговите одредби, и дека ќе го слушаш Неговиот глас. 18 Денес Господ се договори со тебе дека ти ќе бидеш Негов народ, Неговата премила сопственост, како што ти ветил, и дека ќе ги пазиш сите Негови заповеди. 19 Тој ќе те возвиши со чест, со име и со слава над сите народи што ги создал; и ти ќе бидеш народ посветен на Господа, својот Бог, како што ти рече.”
1 Потоа Мојсеј и израелските старешини му наложија на народот: „Вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес. 2 Во оној ден кога ќе преминете преку Јордан во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, подигни си големи камења, варосај ги со вар 3 и напиши ги врз нив сите зборови на овој Закон во мигот кога ќе влегуваш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, во земјата во која течат мед и млеко, како што им рече Господ Бог на твоите татковци. 4 И така, кога ќе поминеш преку Јордан, тогаш тоа камење, како што ти заповедам денес, подигни го на гората Евал, и варосај го со вар. 5 Таму изгради Му и жртвеник на Господа, својот Бог - жртвеник од камења, врз кои не си спуштил железо. 6 Жртвеникот на Господа, својот Бог, изгради го од неделкани камења. На него принесувај Му паленици на Господа, својот Бог. 7 Принесувај и помирителни жртви и јади ги таму, радувајќи се пред Господа, својот Бог. 8 Напиши ги на тие камења сите зборови на овој Закон: врежи ги добро.” 9 Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на сиот Израел: „Внимавај, Израеле, и слушај! Денес стана народ на Господа, својот Бог. 10 Затоа слушај го гласот на Господа, својот Бог, и извршувај ги Неговите заповеди и Неговите закони, што ти ги заповедам денес.” 11 Во оној ден Мојсеј му нареди на народот: 12 „Кога ќе поминете преку Јордан, овие племиња: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин, нека застанат на гората Гаризим за да го благословуваат народот. 13 А овие: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим нека застанат на гората Евал за да проколнуваат. 14 Тогаш левитите нека го преземат зборот и нека им речат со силен глас на сите Израелци: 15 ‘Проклет да биде кој ќе направи леан или делкан лик - гнасна работа пред Господа, дело на ракотворец, па иако го стави на скришно место.’ И сиот народ нека одговори: ‘Амин!’ 16 ‘Проклет да биде, кој ги навредува татка си и мајка си!’ И сиот народ да рече: ‘Амин!’ 17 ‘Проклет да биде кој ќе го помести меѓникот на соседот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 18 ‘Проклет да биде, кој ќе го заведе слепецот од патот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 19 ‘Проклет да биде, кој би им ја извртел правдата на придојденик сирачето или вдовицата!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 20 ‘Проклет да биде, кој ќе легне со жената на својот татко, зашто ја откри покривката на татака си!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 21 ‘Проклет да биде, кој ќе легне со какво и да е животно!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 22 ‘Проклет да биде, кој ќе легне со својата сестра, било да е таа ќерка на неговиот татко или ќерка на неговата мајка.’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 23 ‘Проклет да биде кој ќе легне со својата тешта!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 24 ‘Проклет да биде, кој ќе го убие потајно својот ближен!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 25 ‘Проклет да биде, кој ќе прими поткуп за да му донесе смрт на невиниот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’ 26 ‘Проклет да биде, кој не ќе ги пази зборовите на овој закон, да ги врши!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’”
1 „Ако навистина го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите негови заповеди што ти ги наредувам денес, Господ, твојот Бог, ќе те возвиши над сите народи на земјата. 2 Сите овие благослови ќе слезат над тебе и ќе те стигнат ако го слушаш гласот на Господа, својот Бог. 3 Благословен ќе бидеш во градот, благословен во полето. 4 Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, родот на твојата земја, плодот на твојот добиток: рожбите на твоите говеда и на твоите стада. 5 Благословен ќе биде твојот кош, и твоите ноќви. 6 Благословен ќе бидеш кога ќе влегуваш, благословен кога ќе излегуваш. 7 Твоите непријатели, кои ќе се кренат против тебе, Господ ќе ги положи пред тебе поразени; по еден пат ќе излезат против тебе, а по седум патишта ќе се разбегаат пред тебе. 8 Господ ќе нареди благословот да биде со тебе во твоите житници и во секој потфат на твојата рака, и ќе те благословуваат во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава, 9 Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта. 10 Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе. 11 Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде. 12 Господ ќе ти ја отвори Својата богата ризница - небото - за да дава дожд во твојата земја во право време и да го благослови секој потфат на твоите раце. Ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем. 13 Господ ќе те држи на чело, а не на задното место; секогаш ќе бидеш на врвот, никогаш на дното, ако ги слушаш заповедите на Господа, својот Бог, што ти ги наредувам денес за да ги држиш и вршиш. 14 Немој да отстапуваш ниту од еден збор што ви го наложувам денес - ни десно ни лево, одејќи по други богови и искажувајќи им почитување.” 15 „Но ако не го слушаш гласот на Господа, својот Бог, не пазејќи и не извршувајќи ги Неговите заповеди и сите Негови закони што ти ги наредувам денес, сите овие проклетства ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат: 16 Проклет ќе бидеш во градот, проклет во полето. 17 Проклет ќе биде твојот кош, и твоите ноќви. 18 Проклет ќе биде плодот на твојата утроба и родот на твојата земја, младите на твоите говеда и прирастот на твоите стада. 19 Проклет ќе бидеш кога ќе влегуваш, проклет кога ќе излегуваш. 20 Господ ќе пушта на тебе проклетство, забуна и клетва во сè кон што ќе ја испружиш својата рака за да направиш, сè додека не бидеш сотрен и не пропаднеш брзо заради злото на своите дела, со кои Ме напушти. 21 Господ ќе го испрати поморот врз тебе додека те снема од земјата во која одиш, за да ја завладееш. 22 Господ ќе те удри со истоштеност, со треска, со воспаление, со жега и со суша, со сувиот ветер и со гламница; тоа ќе те гони додека те снема. 23 Небесата над твојата глава ќе станат бронза, а почвата под твоите нозе ќе стане железна. 24 Место дожд, Господ ќе и даде на твојата земја пепел, и од небото ќе паѓа прав, ќе паѓа на тебе додека не бидеш истребен. 25 Господ ќе те направи да бидеш поразен пред твоите непријатели; по еден пат ќе излегуваш против нив, а по седум патишта ќе бегаш пред нив. Ќе станеш страшило за сите земни царства. 26 И твоето мртво тело ќе им стане храна на сите небесни птици и на сите земни ѕверови. Не ќе има никој за да ги плаши. 27 Господ ќе те удри со египетски приштови, со чиреви, со красти и со јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш. 28 Господ ќе те удри со беснило, со слепота и со лудило; 29 на сред бел ден ќе талкаш како што талка слепиот во мрак; не ќе имаш успеси во своите потфати; во сето време ќе бидеш притискан и ограбуван, а не ќе има никој за да те спаси. 30 Ќе се ожениш за жена, но друг ќе ја има. Ќе изградиш куќа, но не ќе живееш во неа. Ќе засадуваш лозје, но нема да го береш. 31 Ќе го заколат твојот вол пред твои очи, но ти нема да јадеш од него; ќе ти го одземат твоето осле пред тебе, но нема да ти го вратат; ќе му го предаваат твоето стадо на твоите непријатели, а не ќе има никој за да ти дојде напомош. 32 Твоите синови и твоите ќерки ќе му бидат предавани на друг народ. Твоите очи ќе солзат секој ден, но твојата рака не ќе може ништо. 33 Народ, што ти не го познаваш, ќе го јаде плодот на твојата земја и сета твоја мака, додека ти ќе бидеш, во сето време, притискуван и газен. 34 Ќе полудиш од глетките што ќе ти гледаат твоите очи. 35 Господ ќе те удри со лути приштови, по колениците и по бедрата - од стапалата на твоите нозе до темето на твојата глава - од кои не ќе можеш да се излекуваш. 36 Господ ќе ве одведе и тебе и твојот цар, кого ќе го поставиш над себе си, меѓу народ непознат и тебе и на твоите очи, па таму ќе им служиш на други богови, дрвени и камени. 37 Ќе им бидеш за чудење, за пословица и за потсмев на сите народи, меѓу кои ќе те одведе Господ. 38 Многу семе ќе фрлаш во полето, ама малку ќе жнееш, зашто родот ќе го оголат скакулците. 39 Ќе посадиш лозје и ќе го обработуваш, но вино нема да пиеш ниту ќе собереш нешто, зашто црв ќе ги јаде. 40 Ќе имаш маслинки на целото свое подрачје, но нема да се намачкаш со масло, зашто маслинките ќе ти паѓаат. 41 Ќе раѓаш синови и ќерки, но нема да бидат твои, зашто ќе одат во ропство. 42 Сите твои дрва и родот на твојата земја ќе станат плен на бубачките. 43 Придојденикот, кој ќе биде во твоја средина, ќе се воздигне над тебе, а ти ќе паѓаш сè пониско и пониско. 44 Тој ќе ти дава на заем, а не ти нему; тој ќе биде глава а ти опашка. 45 Сите овие проклетства ќе те снајдат, ќе те гонат и ќе те достигнат додека не те уништат, зашто не го слушаше гласот на Господа, својот Бог, ниту ги пазеше Неговите заповеди и закони, што ти ги даде. 46 Тие ќе ви служат за чудесен знак тебе, и на твоето потомство засекогаш. 47 Бидејќи не сакаше да му служиш на Бога, својот Бог, со весело и радосно срце заради изобилството на сè 48 ќе му служиш на својот непријател, кого Господ ќе го испрати против тебе, во глад, во жед, во голота и во секаква скудност. На твојот врат ќе навали јарем од железо, така што ќе те измачува! 49 Господ ќе доведе од далечина, од крајот на земјата, против тебе народ, што ќе слета како орел. Тоа ќе биде народ чиј јазик не ќе го разбираш; 50 бездушен народ, кој не ќе пројавува обѕир кон старите ниту ќе се смилува кон младите. 51 Тој ќе ти ги јаде: младите од твојот добиток и плодот на твојата земја додека не те уништи; не ќе ти остава ни жито, ни вино, ни масло, ни теле од крава, ни прираст од стадата, додека не те упропасти. 52 Ќе те опсадува во сите твои градови ширум низ земјата додека не ги разурне високите и утврдените ѕидови на кои што си се надевал; ќе те опсадат во сите твои градови ширум низ земјата, што ти ја даде Господ, твојот Бог. 53 Во притеснувањето и во јадот, со кои ќе те притисне твојот непријател, ќе го јадеш плодот на твојата утроба - месото на своите синови и своите ќерки, што ќе ти ги даде Господ, твојот Бог. 54 Човекот, најнежниот и најмекиот сред тебе, ќе гледа со злобно око на својот брат, на жената во својата прегратка и на своите деца што му останаа, 55 не сакајќи ниту со еден од нив да го дели месото на своите синови, што ќе го јаде, зашто заради притеснувањето и јадот, со кои твојот непријател, ќе те притиска по сите твои градови, друго не ќе му останува. 56 И жената, најнежна и најмека што ќе биде сред тебе - толку нежна и воздржана што не се осмелува да ги спушти стапалата на земја - ќе гледа со злобно око на мажот во својата прегратка, и на својот син, и на својата ќерка, 57 и на својата постелка што ќе и излезе меѓу нозете, и на децата што ќе треба да ги роди, зашто ќе ги изеде скришно, скудна во сè, заради неволјата и јадот со кои ќе те притисне твојот непријател по сите твои градови. 58 Ако не ги пазиш и не ги вршиш зборовите на овој Закон, што се напишани во оваа книга, не почитувајќи го ова славно и страшно Име - Господа, својот Бог - 59 Господ ќе ве шибне тешко, тебе и твоето потомство, со големи и долготрајни бичеви, со погубувачки и долги болести. 60 Ќе ги пушти на тебе сите египетски зла, од кои се плашеше, и тие ќе се прилепат до тебе. 61 А и секоја друга болест и бич, кои не се наведени во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе ги пушта на тебе додека не те уништи. 62 Ќе останете само малку од вас што бевте многубројни како небеските ѕвезди, а сè заради тоа што не го слушаше гласот на Господа, својот Бог. 63 Како што се радуваше Господ со вас, правејќи ве среќни и множејќи ве, така Господ ќе се радува да ве истреби и погуби, за да се откорнете од земјата во која одите, за да ја земете во сопственост. 64 Господ ќе ве расфрли по сите народи, од крајот до крајот на земјата; таму ќе им служиш на други богови: дрвени и камени - кои ви беа непознати и тебе и на твоите татковци. 65 Но нема да имаш мир меѓу тие народи; ниту твоите стапала ќе имаат почивалиште, туку таму Господ ќе ти даде возбудено срце, пропаднати очи, изнемоштена душа. 66 Твојот живот ќе виси на нишка; ќе се боиш и дење и ноќе, и не ќе бидеш безбеден за својот живот. 67 Од стравот, што ќе ти го стега срцето, и од глетката што ќе ја гледаат твоите очи, наутро ќе зборуваш: ‘Ох да е веќе вечер!’ а навечер ќе зборуваш: ‘Ох да е веќе утро!’ 68 Господ ќе те одведе со кораби, назад во Египет, по патот за кој ти реков дека не смееш веќе да го видиш. Таму вие самите ќе им се продавате на вашите непријатели за робови и робинки, но не ќе има купувачи.”
1 Тоа се зборовите на Заветот што Господ му го пропиша на Мојсеја за да го склучи со Израелците во Моавската Земја, освен Заветот што го склучи со нив на Хорив. 2 Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Видовте пред свои очи, сè што им стори Господ, во Египетската Земја, на фараонот, на сите негови службеници и на целата негова земја: 3 големите искушенија што ги видоа твоите очи, силните знаци и чудеса! 4 Ама Господ не ви даде до денес разум за да сфатите, очи за да гледате, ни уши за да слушате. 5 Ве водев низ пустината четириесет години; облеката на вас не се искина ниту обувките на вашите нозе се скинаа. 6 Леб не јадовте; вино ни друг опоен пијалак не пиевте, за да би сте знаеле дека Јас Сум Господ, ваш Бог. 7 Кога стигнавте на ова место, Сихон, царот есевонски, и Ог, царот васански, излегоа пред нас на бој, ама ги поразивме. 8 Ја зазедовме нивната земја па им ја дадовме во наследство на Рувимовците, Гадовците и на половината од Манасиевото племе. 9 Пазете ги и вршете ги зборовите на овој Завет, за да успевате во сè што ќе преземете. 10 Денес сите стоите пред Господа, својот Бог, вашите племенски главатари, вашите старешини и вашите надгледувачи, сите Израелеви мажи, 11 вашите деца, вашите жени, и придојденикот, кој е во твојот логор - од оној, кој ти сече дрва до оној, кој ти носи вода - 12 за да стапите во Завет со Господа, својот Бог, во Завет, потврден со заклетва, што Господ, твојот Бог, го склучува денес со тебе, 13 за да направи денес од тебе Свој народ, и Тој да ти биде Бог, како што ти рече и како што им се заколна на твоите татковци: на Авраама, Исака и Јакова. 14 И не го склучувам денес овој Завет со заклетва само со вас, 15 туку и со секој, кој стои денес тука со нас пред Господа, нашиот Бог, и со секој, кој не е денес тука со нас.” 16 „Самите знаете како престојувавме во Египетската Земја и како поминавме среде народите низ кои требаше да пропатуваме. 17 Ги видовме: нивните расипаности, нивните идоли од дрво и камен, од сребро и злато, што ги имаа. 18 Нека нема меѓу вас маж ни жена, род ни племе, чие срце би се одвратило од Господа, нашиот Бог, па да оди и да им служи на боговите на оние народи. Нека нема меѓу вас корен што ќе раѓа отров и пелин. 19 Нека никој, откако ќе ги чуе зборовите на ова проклетство, не се надева на благослов, велејќи во своето срце: ‘Без оглед на тоа, ќе бидам среќен, дека ќе можам да одам според жестокоста на моето срце.’ Тоа би го погубило ситиот заедно со гладниот. 20 На таквиот, Господ никогаш нема да му прости, туку Господовиот гнев и јарост ќе се излеат врз тој човек, така што секое проклетство, запишано во таа книга, ќе падне на него, па Господ ќе го избрише неговото име под небото. 21 Според сите проклетства на Заветов, запишани во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе го отстрани, за негова пропаст, од сите израелски племиња. 22 Идното поколение, вашите синови по вас, и странците кои ќе дојдат од далечни земји, кога ќе ги видат лошотиите на оваа земја и болестите, што Господ ќе ги пушти на неа, ќе речат: 23 ‘Сета негова земја е само сулфур и сол; ниту се сее нешто ниту никнува нешто; никаква тревка не расте на неа; еднаква е на разурнатиот Содом и Гомор, Адма и Севоим, што Господ ги разурна во Својата лутина и гнев.’ 24 И сите народи ќе се прашуваат: ‘Зошто Господ и направи вака на оваа земја? Каква ли беше жестокоста на тој силен гнев?’ 25 Тогаш ќе им се рече: ‘Зашто го оставија Заветот што Господ, Бог на нивните татковци, го склучи со нив кога ги изведе од Египетската Земја; 26 и бидејќи отидоа да им служат на други богови и им се клањаа ним, на боговите кои не ги познаваа и кои Тој не им ги одреди. 27 Затоа Господовиот гнев се излеа на оваа земја, и на неа падна сето проклетство запишано во овој книжен свиток. 28 Господ ги откорна од нивната земја во лутина, во расрденост и во голем гнев, па ги фрли во друга земја. Така е и денес.’ 29 Што е скриено, Му припаѓа на Господа, нашиот Бог, а објавата нам и на нашите синови засекогаш, за да ги вршиме зборовите на овој Закон.”
1 „Кога сите овие зборови, благословот и проклетството што денес ги ставам пред тебе, те снајдат, а ти ги земеш при срце среде сите народи меѓу кои Господ, твојот Бог, ќе те протера, 2 и се обрнеш кон Господа, својот Бог, и го послушаш - и ти и твоите синови - Неговиот глас од сето свое срце и од сета своја душа во сè што денес ти наредив, 3 тогаш Господ, твојот Бог, ќе ги врати твоите заробеници; ќе се смилува на тебе и пак ќе те собере од сите народи меѓу кои те протерал Господ, твојот Бог. 4 И до крајот на небесата ако бидеш отфрлен, Господ твојот Бог ќе те собере оттаму, и ќе те земе оттаму. 5 Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата, која ја имаа во сопственост твоите татковци, за да ја завладееш ти; ќе те направам посреќен и поброен од твоите татковци. 6 Господ, твојот Бог, ќе го обреже твоето срце, срцето на твоето потомство, така што ќе го љубиш Господа, својот Бог, од сето свое срце и од сета своја душа, па да живееш. 7 Господ, твојот Бог, ќе ги наведе сите овие проклетства на твоите непријатели, на твоите мразители, кои те гонеа. 8 А ти наново ќе го слушаш Господовиот глас и ќе ги вршиш сите Негови заповеди, што денес ти ги давам. 9 Господ, твојот Бог, ќе те наградува изобилно во секој потфат на твоите раце, во плодот на твојата утроба, во плодот на твојот добиток, и во родот на твојата плодна почва; зашто Господ ќе се радува пак над твоето добро, како што се радуваше над доброто на твоите татковци, 10 кога ќе го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги Неговите заповеди и Неговите наредби запишани во книжен свиток на овој Закон, односно кога ќе му се обрнеш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.” 11 „Оваа заповед, што ти ја давам денес, не е длабока за тебе ниту е предалеку од тебе. 12 Не е на небесата, за да би рекол: ‘Кој ќе се искачи за нас на небесата, па да ни ја објави за да ја вршиме.’ 13 Не е ни преку море, за да би можел да речеш: ‘Кој ќе тргне за нас преку море, за да ни ја донесе и да ни ја објави па да ја вршиме!’ 14 Зашто, заповедта е сосем близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце, за да ја извршуваш.” 15 „Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа. 16 Ако ги послушаш заповедите на Господа, својот Бог, кои ти ги давам денес - ако ги послушаш љубејќи Го Господа, својот Бог, одејќи по неговите патишта, вршејќи ги Неговите заповеди, Неговите закони и Неговите уредби, ќе живееш и Господ, твојот Бог, ќе те размножи и ќе те благослови во земјата во која влегуваш за да ја земеш во сопственост. 17 Ама ако твоето срце се одврати и не послушаш, туку тргнеш по заблуда и се клањаш на други богови и ним им служиш, 18 Јас ви изјавувам денес дека навистина ќе пропаднете; не ќе живеете долго на земјата во која, откако ќе поминете преку Јордан, ќе влезете за да ја земете во сопственост. 19 Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот, 20 љубејки Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па Тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде.”
1 Мојсеј дојде да му ги упати овие зборови на целиот Израел: 2 „Мене ми се денес сто и дваесет години - им рече - не можам веќе да влегувам и да излегувам. А Господ ми рече: ‘Не ќе поминеш преку овој Јордан!’ 3 Самиот Господ, твојот Бог, ќе премине пред тебе; Тој ќе ги порази пред тебе оние народи, за да ги истерате од земјата. Исус ќе врви пред тебе, како што рече Господ. 4 Господ ќе постапи со нив како што постапи со Сион и Ог, аморејски цареви, и со нивната земја кога ги уништи. 5 Господ ќе ги положи пред вас, а вие ќе постапувате со нив според сите наредби, што ви ги дадов. 6 Охрабрете се и бидете одлучни! Не бојте се и не плашете се од нив! Та Самиот Господ, твојот Бог, доаѓа со тебе; не ќе те напушти ниту ќе те остави.” 7 Тогаш Мојсеј го повика Исуса па му рече пред сиот Израел: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе одиш со овој народ во земјата за која Господ им се заколна на нивните татковци, дека ќе им ја даде; ти ќе им ја разделиш во наследство. 8 Самиот Господ врви пред тебе; Тој ќе биде со тебе; не ќе те испушти ниту ќе те остави. Не бој се и не трепери!” 9 Мојсеј го напиша овој Закон и им го предаде на свештениците, Левиевите синови, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, и на сите Израелски старешини. 10 Мојсеј им нареди: „Во секоја седма година - година прошка - на Празникот на шаторите, 11 кога сиот Израел ќе дојде да го види лицето на Господа, твојот Бог, на местото што Тој ќе го избере, прочитај го овој Закон во присуство на целиот Израел. 12 Собери го народот - луѓето, жените, децата и придојденикот кој ќе биде во твоите градови - за да чујат и за да се бојат од Господа, вашиот Бог, па да ги пазат и да ги вршат сите зборови на овој Закон. 13 Нивните синови, кои уште не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се бојат од Господа, вашиот Бог, за сето време додека ќе живеете во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.” 14 Господ му рече на Мојсеја: „Еве наближува времето на твојата смрт. Викни го Исуса, и најдете се во Шаторот на средбата, за да му дадам заповеди.” Мојсеј и Исус дојдоа во Шаторот на средбата. 15 Господ се покажа во столб од облак во Шаторот. Облачниот столб стоеше на влезот во Шаторот. 16 Господ му рече на Мојсеја: „Еве наскоро ќе починеш со своите татковци. А овој народ ќе стане да прави блуд, одејќи по туѓи богови на оваа земја во која ќе влезе скоро; ќе Ме напушти Мене и ќе го прекрши Мојот Завет што го склучив со нив. 17 И тогаш Мојот гнев ќе се излее на него. Тогаш ќе ги оставам и ќе го скријам Своето лице од нив, за да бидат голтани. Ќе ги снајдат многу зла и неволји, и тогаш ќе речат: ‘Зар не ме наоѓаат овие неволји заради тоа што мојот Бог не е во мојата средина?’ 18 А Јас ќе го скријам сосем Своето лице во тој ден заради сето зло што ќе го прават, завртувајќи се кон други богови. 19 Напишете си ја сега оваа песна. Израелците нека ја научат! Стави ја во нивната уста, за да ми биде оваа песна сведок против Израелевите синови. 20 Кога ќе ги доведам во земјата во која течат мед и млеко, и за која им се заколнав на нивните татковци, и кога ќе се најадат, кога ќе се наситат, кога ќе се згојат, тие ќе се завртат кон други богови, и ним ќе им служат, Мене ќе Ме презрат и ќе го прекршат Мојот Завет. 21 А кога ќе ги најдат многу несреќи и неволји - оваа песна - зашто нивното потомство никогаш нема да ја заборави, ќе даде сведоштво против нив. Зашто Јас ги знам нивните мисли, и што смислуваат веќе денес, пред да ги воведам во земјата, што им ја ветив со Заклетва.” 22 Во тој ден Мојсеј ја напиша оваа песна, и ги научи Израелците на песната. 23 Му наложи на Навиновиот син Исус: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе ги воведеш Израелевите синови во земјата за која им се заколнав. И Јас ќе бидам со тебе.” 24 Кога Мојсеј ги напиша зборовите на овој Закон во книжен свиток, 25 тогаш им нареди на левитите, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет: 26 „Земете го книжниот свиток на овој Закон и положете го во Ковчегот на Господовиот Завет. Таму нека биде сведок против тебе! 27 Та јас ги знам твојата бунтовност и твојот корав врат. Еве и денес, додека уште живеам со вас, се буните против Господа. А како не ќе се буните кога ќе умрам! 28 Соберете ги при мене сите старешини на своите племиња и своите надгледувачи, за да ги речам овие зборови во нивните уши па да ги земам за сведоци против нив небото и земјата. 29 Зашто знам дека по мојата смрт ќе се изопачите и ќе се отклоните од патот, што ви го одредив; несреќа ќе ве најде во идните времиња, коѓа ќе правите што Му е немило на Господа, и кога ќе Го разгневувате со делата на своите раце.” 30 А тогаш, на ушите на целата израелска заедница, Мојсеј ги изговори до крај зборовите на оваа песна:
1 „Слушајте, небеса, сега ќе зборувам, чуј ги, земјо, зборовите на мојата уста! 2 Мојата наука нека дожди како дожд, мојот збор нека паѓа како роса, како дождец по младо зеленило, како пороен дожд по трева! 3 Зашто, ќе го возвишувам Господовото име, а вие, величајте Го нашиот Бог!” 4 „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит. 5 Тие се развратија не Му се синови, туку синовски изроди, изопачен и лукав пород. 6 Така ли Му враќаш на Господа, глупав и безумен народе! Не е ли Тој твој Татко, усвоител, Кој те создаде, преку Кого постоиш? 7 Спомни си за древните денови, разгледај ги годините од век до век. Прашај го татка си, и ќе те поучи, распрашај ги постарите, па ќе ти кажат. 8 Кога Сèвишниот им го делеше наследството на народите, кога ги разместуваше човечките синови, им ги одреди меѓите според бројот на Божјите синови: 9 тогаш на Господа Му падна Неговиот народ, Јаков Му беше Негово наследство. 10 Тој го најде во степска земја, во морничава пустинска пустина. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око. 11 Како орелот што бдее над гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крила, го зема, па го носи на Своите перја. 12 Самиот Господ го водеше него, туѓ бог немаше со него. 13 Го поведе по височините на земјата, го нахрани со полските плодови, му даде мед од пештера, и масло од цврста стена; 14 кравја маст и овчо млеко со мрсно од јагниња, васански овни и јарци, со жито како бубрежно сало, и го напои со пенливата крв на грозјето. 15 Јадеше Јаков и се насити, се згои Есурун па почна да удира со нозе. Си се здебелил, си се згоил, се салоса. Го заборави Бога Кој го создаде и ја презре Стената на своето спасение. 16 Со туѓите богови Го направија ревнив. Го разјарија со своите гнасотии. 17 Им жртвуваа на злите духови што не се Бог, на боговите што не ги познаваа порано, на придојдениците кои стигнаа скоро и од кои нивните татковци не се плашеа. 18 Не се грижиш за Стената што те даде на свет, не си спомнуваш веќе за Бога, Кој те роди!” 19 „Господ го виде тоа, и во Својот гнев ги отфрли Своите синови и ќерки. 20 ‘Ќе им го скријам Своето лице - рече - и ќе видам каков ќе биде нивниот крај. Зашто е изопачено тоа колено, синови во кои нема верност. 21 Со ништожен бог ме поттикнаа на ревност, Ме раздразнија со своите ништожества, и Јас ќе ги направам нив ревниви, ќе ги огорчам со некој глупав народ! 22 Да, пламна пожарот на Мојот гнев, и ќе гори до гробните длабочини; ќе ја проголта земјата и сето она што таа го раѓа, и ќе и ги изгорам планините до основите. 23 Сите неволји ќе се навалат на нив, Своите стрели ќе ги истрошам врз нив. 24 Ќе умираат од глад, ќе ги трујат треската и лутиот помор. Ќе испратам против нив ѕверски заби и отров на оние што лазат во правот. 25 Надвор мечот ќе ги погубува децата, а стравот ќе владее внатре. Ќе гинат еднакво - момче и девојка, доенче и седокос старец. 26 Реков: „Ќе ги раселам, ќе им го избришам споменот од помеѓу луѓето.” 27 Но се боев од непријателското потсмевање: би можеле да им се излажат противниците, па да речат: „Победата е наша, тоа не го изврши Господовата рака.” 28 Зашто тоа е народ без знаење, нема остроумност во нив. 29 Да се мудри, веќе и би се досетиле, би разбрале што ги чека. 30 Како може еден да натера илјада во бегство, и двајца да гонат десет илјади, ако нивната Стена не ги предаде, ако Господ не ги предаде? 31 Но нивната стена не е како нашата Стена; нашите непријатели се осудени. 32 Зашто нивната лоза е од содомската лоза и од гоморските лозја; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се гроздови на горчина; 33 нивното вино е змиски отров, жесток јад и лута отровница.’ 34 ‘Но не е ли тој во мене како скапоценост, запечатен во моето сокровиште? 35 Моја е одмаздата и наградата во времето кога ќе им се сопне ногата. Зашто е близу денот на нивната пропаст, нивната судбина им се доближува брзо!’ 36 Господ ќе му суди на Својот народ, ќе им се смилува на Своите слуги. Ќе види дека им исчезнува силата, дека им е крај и на робот и на слободниот. 37 Тогаш ќе рече: ‘Па каде се нивните богови, каде е стената зад која се засолнуваа? 38 Тие што го јадеа салото на нивните закланици и го пиеја виното на нивните налевници? Нека се дигнат и нека ви помогнат, нека ви бидат засолниште! 39 Сега гледате дека единствено Јас Сум, и дека нема друг Бог покрај Мене! Јас усмртувам и оживувам; Јас удирам и исцелувам и никој не се избавува од Мојата рака. 40 Да, јас ја кревам Својата рака кон небото и велам: „Да не бидам Јас вечно жив 41 ако не го земам судот во своите раце, откако ќе го наоштрам Својот блескав меч, за да им се одмаздам на Своите непријатели, за да им платам на оние Кои Ме мразат Мене. 42 Своите стрели ќе ги испијанам со крв и Мојот меч ќе се најаде месо, крв од убиени и заробени, глави од непријателските кнезови.”‘ 43 Воскликнувајте, о небеса, со Него обожувајте Го, Божји синови! Воскликнувајте, племиња, со Неговиот народ, вознесувајте ја Неговата сила, Господови пратеници. Зашто ќе ја одмаздам крвта на Своите слуги, со иста мерка ќе им вратам на непријателите, ќе наплати од оние кои Го мразат Него, ќе ја очисти од грев земјата на Својот народ.” 44 Дојде Мојсеј со Исуса, синот Навинов, па ги изговори во ушите на народот зборовите на оваа песна. 45 Кога Мојсеј им ги изговори сите овие зборови на сиот Израел, 46 им рече: „Во своите срца посадете ги овие зборови, што ги земам денес за сведоци против вас; наредете им на своите синови да ги пазат, вршејќи ги сите зборови на овој Закон. 47 Та тоа не е за вас празно слово, зашто тоа е ваш живот. Заради ова слово ќе живеете долго во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.” 48 Во тој ист ден Господ му рече на Мојсеја: 49 „Искачи се на гората Нево, во Аваримската Планина - што е во Моавската Земја спроти Ерихон - па разгледај ја Ханаанската Земја што ќе им ја дадам во сопственост на Израелевите синови 50 Потоа умри на гората на која ќе се искачиш и придружи им се на своите предци, како што и твојот брат Арон, кој умре на гората Ор, им беше придружен на своите. 51 А тоа е зашто ме изневеривте среде Израелевите синови при Мерива Кадис, при водите во пустината Син: не ја прославивте Мојата светост меѓу Израелевите синови. 52 Затоа само оддалеку ќе ја видиш оваа земја, ама нема да влезеш во неа - во земјата што им ја давам на Израелевите синови.”
1 Ова е благослов со кој Мојсеј - Божјиот човек - ги благослови Израелевите синови пред својата смрт. 2 Тој рече: „Господ дојде од Синај, се покажа на Сир и заблеска од гората Фаран. Заради нив дојде со десетици илјади свети, десно од Него е огнот на Законот. 3 Сепак Ти ги љубиш народите, сите нивни свети се во Твојата рака. Припаднаа пред Твоите нозе, одеа предводени од Тебе. 4 Мојсеј ни го одреди Законот. Јакововиот собор му стана Негово наследство; 5 и беше цар во Есурун кога се собраа народните главатари, кога се соединија Јакововите племиња. 6 Нека живее Рувим и никогаш нека не изумре, нека не биде малуброен!” 7 Еве што рече за Јуда: „Послушај го, Господи, Јудиниот глас и приведи го кон неговиот народ. Неговите раце нека го бранат правото, помогни му против неговите непријатели.” 8 За Левиј рече: „Дај му ги на Левиј Твоите Урими и Твоите Тумими на човекот на милоста Своја, кого го испита во Маса, со кого се препираше при Меривските Води. 9 За својот татко и за мајката тој рече: ‘Не ги видов!’ Не ги познава своите браќа, ниту се обрнува на своите деца, зашто тој го исполнуваше и го пазеше Твојот Завет. 10 Тој го учи Јакова на Твоите одредби и Израел на Твојот Закон. Тој става темјан пред Тебе и Ти положува паленица на жртвеникот. 11 О Господи, благослови му ја силата, прими го милостиво делото на неговите раце. Скрши ги бедрата на неговите непријатели; неговите мразачи веќе нека не станат.” 12 За Венијамин рече: „Тој е Господов љубимец и секогаш почива во мир. Сèвишниот го штити во сите негови денови, живее меѓу Неговите рамена.” 13 За Јосифа рече: „Господ му ја благослови земјата; неговото е најдобро од она што го дава небеската роса и што се крие долу во бездните! 14 Најдоброто од она што го дава сонцето и што носи младата месечина, 15 првините од древните планини и најдоброто од вечните брегови, 16 најдобриот род на земјата и сè што е на неа, и милоста на Оној, Кој се јави во капината. Сè тоа нека дојде на Јосифовата глава, на темето посветено меѓу сите браќа! 17 Тој е величествен како првенецот на јунецот, роговите му се биволски рогови, со нив тој ги боде народите сè до земните краишта. Такви се мноштвата на Ефрем, такви се илјадниците на Манасиј.” 18 За Завулон рече: „Среќен да си, Завулоне, во походите, и ти, Исахаре, во своите шатори! 19 На гората каде доаѓаат повиканите народи, тие принесуваат законска жртва, зашто копнеат за богатството на морето и за сокровиштата скриени во песокот.” 20 За Гад рече: „Нека биде благословен кој ќе го рашири Гад! Тој почива како лавица, откако ја раскина мишката и главата. 21 Тогаш си ги додели првините за себе зашто забележа дека му е запазен главатарскиот дел. Тој дојде на челото на својот народ ја изврши Господовата правда и Неговите одлуки со Израел.” 22 За Дан рече: „Дан е лавче што скока од Васан.” 23 За Нефталим рече: „Нефталим, заситен со милости, исполнет со Господовиот благослов: морето и југот се негова сопственост.” 24 За Асир рече: „Благословен да е Асир меѓу синовите! Нека биде воздигнат меѓу своите браќа, и нека ги натопува своите нозе во масло! 25 Нека ти бидат обувките од железо и бронза, и мирот нека ти трае колку и животот!” 26 „Никој не е како Есуруновиот Бог: Кој се пронесува на помош по небесата и по облаците во Своето величество! 27 Вечниот Бог е твое засолниште, и под тебе се вечните мишки, ги гони непријателите пред тебе; Тој извикнува: ‘уништи!’ 28 Израел живее во безопасност, а Јаковиот извор во земјата на житото и виното, каде небесата дождат со роса. 29 Блазе ти, Израелу! Кој народ Господ го заштитува како тебе? Тој е твој штит и твој славодобивачки меч, непријателите ќе ти се покорат, и ти ќе им газиш по високите места.”
1 Потоа Мојсеј отиде од Моавските полиња на гората Нево, на врвот Фазга, спроти Ерихон, каде што Господ му ја покажа целата земја: од Галад до Дан, 2 сиот Нефталим, Ефремов и Мансиев крај, сета Јудина покраина до Западното Море; 3 потоа Негев, подрачјето на Ерихонската Долина - Градот на палмите - до Сигор. 4 Потоа Господ му рече: „Ова е земјата за која им се заколнав на Авраам, Исак и Јаков дека ќе му ја дадам на твоето потомство. Дозволив да ја видиш со своите очи, но ти нема да поминеш онаму.” 5 И Мојсеј, Господовиот слуга, почина таму во Моавската Земја по Господовата заповед. 6 И Тој го погреба во долината во земјата спроти Вет-Фегор. До денешен ден никој не научи за неговиот гроб. 7 Мојсеј беше на сто и дваесет години кога умре. Окото не му ослабе ниту му попушти силата. 8 Израелците го оплачуваа Мојсеја во Моавските Полиња триесет денови. Потоа поминаа и деновите на плачењето - на тажењето за Мојсеја. 9 А Исус синот Навинов, беше исполнет со дух на мудрост, зашто Мојсеј ги имаше положено своите раце на него. Израелците го слушаа него и правеа како што Господ му нареди на Мојсеја. 10 Не се појави веќе пророк во Израел еднаков на Мојсеја - Господ го познаваше него лице во лице! 11 Според сите оние знаци и чудеса во Египетската Земја, за кои Господ го праќаше да ги прави врз Фараонот, врз сите негови службеници и врз целата негова земја, 12 според онаа негова силна рака и според сите оние големи застрашувачки дела, кои ги направи пред очите на целиот Израел.
1 По смртта на Господовиот слуга, Мојсеј, Господ му рече на Исуса, синот Навинов, на Мојсеевиот помошник: 2 „Мојот слуга Мојсеј почина; затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови. 3 Секое место на кое ќе стапне вашата нога ви го давам, како што му ветив на Мојсеја. 4 Од пустината и од Ливан па до Големата Река, реката Еуфрат, целата земја на Хетејците, и сè до Големото Море на сончевиот запад - сè тоа ќе биде ваше подрачје. 5 Никој не ќе одолее пред тебе во сите дни на твојот живот; јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеја, и никогаш нема да те напуштам ниту ќе те оставам. 6 Биди одлучен и храбар, зашто ти ќе го воведеш овој народ за да ја прими во наследство земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам. 7 Само биди одлучен и храбар за да направиш сè верно според наредбите што ти ги даде Мојсеј, Мојот слуга. Не свртувај од тоа ни десно ни лево, за да ти биде среќно сè што ќе преземеш. 8 Книжниот свиток на Законот нека биде на твојата уста: размислувај за него дење и ноќе, за да пазиш верно сè што е напишано во него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите. Нели ти заповедав: 9 биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог.” 10 Тогаш Исус им заповеда на народните главатари: 11 ”Поминете низ логорот и разгласете му ја на народот оваа заповед: ‘Пригответе си храна, зашто по три дни ќе преминете преку Јордан, за да ја примите во сопственост земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство.’” 12 Потоа Исус им рече на племето Рувимово и Гадово и на половина Манасиево племе: 13 ”Сетете се за она што ви нареди Мојсеј, Господовиот слуга, кога ви рече: ‘Господ, вашиот Бог, сака да се одморите, и ви ја дава оваа земја.’ 14 Вашите жени, деца и стада можат да останат во земјата, која ви ја даде Мојсеј од онаа страна на Јордан. Вие пак воините, спремни за бој, треба да тргнете вооружени пред своите браќа за да им помогнете, 15 сè додека Господ не им даде починка и на вашите браќа, како и вам, и додека не ја освојат земјата, што им ја дава Господ, вашиот Бог. Тогаш ќе можете да се вратите во земјата што ви припаѓа и што ви ја даде Господовиот слуга Мојсеј, на другата страна на Јордан, кон изгрејсонцето.” 16 Тие му одговорија на Исуса: „Сè што ќе ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да нè пратиш, ќе тргнеме. 17 Како што го слушавме Мојсеја, така ќе ти се покоруваме и тебе. Само Господ, твојот Бог, нека биде со тебе, како што беше со Мојсеја! 18 Секој кој ќе им се спротиви на твоите заповеди и не ги послуша твоите зборови во сè што ќе му наредиш, нека биде погубен. Само ти биди решителен и храбар!”
1 Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.” Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму. 2 Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.” 3 Тогаш ерихонскиот цар и порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.” 4 Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се. 5 Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.” 6 А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму. 7 И луѓето поитаа во потера по нив, кон Јордан, сè до бродот преку реката; а кога потерата излезе, градската врата се затвори зад нив. 8 Додека тие горе уште не беа заспани, Рава се качи кај нив на покривот 9 и им рече: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја, зашто сите нас нè фати страв од вас, и сите жители на овој крај се плашат од вас. 10 Зашто чувме како Господ го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет, и за она што им направивте на двата аморејски цара од другата страна на Јордан, на Сион и Ог, што ги погубивте. 11 Кога го чувме сè тоа, ни застана срцето, и никој да собере сила за да ви се спротиви, зашто Господ, вашиот Бог - Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата. 12 Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак 13 дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сè нивно, и дека ќе нè избавите од смртта.” 14 Луѓето и одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нè предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.” 15 Потоа Рава ги спушти по јаже низ прозорецот, зашто куќата и беше покрај градскиот ѕид, и таа живееше до ѕидот. 16 Уште им рече: „Тргнете кон гората, за да не ве најде потерата, и кријте се таму три дена додека не се вратат потерците, а тогаш одете си по својот пат.” 17 Луѓето и одговорија: „Еве, вака ќе бидеме слободни од твојата заклетва со која нè заколна: 18 кога ќе влеземе во земјата, послужи се со овој знак: врзи ја оваа црвена врвца за прозорецот, низ кој нè спушташ, и собери ги при себе, во куќата, својот татко и својата мајка, и своите браќа, и сите свои роднини. 19 Секој од вас кој ќе стапи надвор, преку прагот на твојата куќа, неговата крв на негова глава: вината не ќе биде на нас - сам е виновник за својата смрт; а кој ќе остане со тебе во куќата, неговата крв нека падне на нашите глави - ние ќе бидеме виновни ако некој го допре со рака. 20 Ако пак ја предадеш оваа наша работа, ќе бидеме слободни од заклетвата со која што нè заколна.” 21 А таа одговори: „Нека биде како што рековте!” Тогаш ги пушти, и тие си отидоа, а таа ја заврза за прозорецот црвената врвца. 22 Тие отидоа и дојдоа на гората, и останаа таму три дни додека не се врати потерата; потерата ги бараше по сите патишта, но не ги најде никаде. 23 Тогаш се вратија и двајцата согледувачи: слегоа од гората, преминаа преку реката и дојдоа кај Исуса, синот Навинов, па го известија за сè што им се збидна. 24 И му рекоа на Исуса: „Господ ни ја предаде целата таа покраина во раце; сите нејзини жители ги опфати страв пред нас.”
1 Исус подрани и со сите Израелеви синови тргна од Ситим. И стигнаа до Јордан па таму, пред преминувањето, преноќија. 2 По три дни старешините поминаа низ логорот и му заповедаа на народот: 3 ”Штом ќе ги видите Ковчегот на Заветот на Господа, вашиот Бог, и свештениците левити кои го носат, тргнете сите од своето место и појдете по нив. 4 Така ќе го знаете патот по кој треба да одите, зашто по тој пат уште никогаш не сте оделе. Ама меѓу вас и Ковчегот нека има растојание од две илјади лакти. И да не му се приближите.” 5 А Исус му нареди на народот: „Посветете се за утре, зашто утре Господ ќе направи чуда меѓу вас.” 6 А на свештениците Исус им заповеда: „Кренете го Ковчегот на Заветот и носете го пред народот.” И го кренаа Ковчегот на Заветот и го понесоа пред народот. 7 Господ му рече на Исуса: „Денес почнувам да те возвишувам пред очите на сиот Израел, нека знаат дека сум со тебе, како што бев со Мојсеја. 8 Ти пак заповеди им на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот: ‘Кога ќе стигнете до јорданските води, застанете во самиот Јордан.’” 9 Тогаш Исус им рече на Израелците: „Пристапете и чујте ги зборовите на Господа, својот Бог.” 10 И Исус рече: „По ова ќе сознаете дека е меѓу вас живиот Бог: Тој ќе ги гони пред вас Ханаанците, Хетејците, Евејците, Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Евусејците. 11 Еве, Ковчегот на Заветот на Господарот на целата земја ќе тргне пред вас преку Јордан. 12 Изберете веднаш дванаесет луѓе од Израелевите племиња, по еден од секое племе. 13 Штом стапалата на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот, на Господарот на целата земја, ќе стапат во Јордан, водата на Јордан ќе се раздели, и онаа што тече одозгора ќе застане како насип.” 14 Кога народот тргна од своите шатори за да премине преку Јордан, свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот пред нив. 15 А кога носителите на Ковчегот стигнаа до Јордан и кога свештениците, кои го носеа Ковчегот, загазија во водата на брегот - а беше време на жетва кога Јордан се прелева преку своите брегови - 16 водата што течеше одозгора далеку, како насип, застана кај градот Адам, што се наоѓа покрај Заретан; а водата што истечуваше долу во Арабјанското или Соленото Море сосем истече, и народот поминуваше спроти Ерихон. 17 Свештениците, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, стоеја на суво среде Јордан, и Израел поминуваше по суво, сè додека сиот народ не помина преку реката.
1 Откако сиот народ помина преку Јордан, Господ му рече на Исуса: 2 ”Изберете од народот дванаесет луѓе, од секое племе по еден, 3 и заповедајте им: ‘Дигнете оттука, од средината на Јордан - од местата каде што стојат нозете на свештениците - дванаесет камења, кои ќе ги носите со себеси и ќе ги положите на местото каде што ќе преноќевате ноќеска.’” 4 Тогаш Исус повика дванаесет луѓе, кои ги имаше избрано меѓу Израелевите синови, од секое племе по еден човек, 5 и им рече: „Одете пред Ковчегот на Господа, својот Бог, во средината на Јордан, и нека секој донесе на своите рамена по еден камен според бројот на Израелевите племиња. 6 Тоа ќе биде за спомен меѓу вас. Кога еден ден вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значат овие камења?’ 7 Ќе им речете: ‘Водата на Јордан се раздели пред Ковчегот на Господовиот Завет, кога поминуваше преку Јордан.’ И овие камења ќе им бидат вечен спомен на Израелевите синови.” 8 Израелците направија како што им заповеда Исус, зедоа дванаесет камења од средината на Јордан, според бројот на Израелевите племиња, како што Господ му нареди на Исуса: ги однесоа до своето ноќевалиште и ги положија таму. 9 Потоа Исус постави дванаесет камења среде Јордан, на местото каде што стоеја нозете на свештениците, кои го носеа Ковчегот на Заветот. Таму стојат и денес. 10 Свештениците, кои го носеа Ковчегот, стоеја среде Јордан, сè додека не беше извршено сè што Господ му заповеда на Исуса да направи народот, сосем онака како што Мојсеј му беше наредил на Исуса. А сиот народ преминуваше брзо. 11 Откако помина сиот народ, преминаа и свештениците со Господовиот Ковчег на Господовиот Завет и тргнаа пред народот. 12 Тогаш Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе, во бојна опрема, застанаа на чело на Израелевите синови, како што им беше заповедал Мојсеј. 13 Околу четириесет илјади вооружени луѓе поминаа пред Господа за да се борат на Ерихонските Полиња. 14 Во тој ден Господ го возвиши Исуса пред сиот Израел, и сите се боеја од него, како некогаш од Мојсеја, во сите денови на неговиот живот. 15 Господ му рече на Исуса: 16 ”Заповеди им на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот, да излезат од Јордан.” 17 Тогаш Исус им заповеда на свештениците: „Излезете од Јордан!” 18 А штом свештениците, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, излегоа од средината на Јордан и стапнаа со нозете на суво, водите на Јордан се вратија на своето место и почнаа да течат како и порано преку своите брегови. 19 Народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец. Тогаш се настанија во Галгал, источно од Ерихон. 20 А оние дванаесет камења што ги зедоа со себе од Јордан, Исус ги постави во Галгал. 21 Тогаш им рече на Израелците: „Ако вашите потомци ги прашаат еден ден своите татковци: ‘Што значи ова камење?’ - 22 Вие поучете ги вака: ‘Израел тука помина по суво преку Јордан,’ 23 зашто Господ, вашиот Бог, ја пресуши пред вас водата на Јордан додека не поминавте, како што направи вашиот Бог Господ со Црвеното Море, кога го пресуши пред нас додека не поминавме. 24 А сè тоа за да знаат сите народи на земјата колку е моќна Господовата рака, и за да се боите вие самите секогаш од Господа, својот Бог.”
1 Откако чуја сите аморејски цареви на западната страна на Јордан, и сите ханаански цареви, кои беа покрај морето, дека Господ, го пресуши Јордан пред Израелците додека не поминаа, им застана срцето, и не остана дух во нив пред Израелците. 2 Во тоа време Господ му рече на Исуса: „Направи си камени ножеви и обрежи ги повторно Израелците.” 3 Исус си направи камени ножеви и ги обреза Израелците на брежето Аралот (Брег на Обрезаните). 4 А еве зошто ги обреза Исус: сите луѓе кои излегоа од Египет, сите кои можеа да носат оружје, изумреа при патувањето низ пустината. 5 Сите тие беа обрезани, ама не беше обрезан никој, кој се родил при патувањето низ пустината, по излезот од Египет, 6 зашто четириесет години Израелците скитаа по пустината додека не изумреа сите способни за оружје, кои беа излегле од Египет; не го слушаа Господовиот глас, па Господ им се заколна дека нивните очи нема да ја видат земјата, што им ја вети на нивните татковци - земјата во која течат млеко и мед. 7 На нивно место ги издигна нивните синови, и Исус ги обреза нив: не беа обрезани, зашто на патот не се обрезуваше. 8 Кога сиот народ беше обрезан, почиваа во логорот сè додека не оздравеа. 9 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Денес го симнав од вас египетскиот срам.” И она место се нарече Галгал сè до наши дни. 10 И така Израелците се настанија во Галгал и таму во Ерихонските Полиња ја прославија Пасхата на четиринаесеттиот ден во месецот, навечер. 11 А утреден по Пасхата, поправо во тој ден јадеа од родот на онаа земја: бесквасни лебови и пржени зрна. 12 И маната прекрати штом почнаа да ги јадат плодовите на земјата. Така Израелците веќе немаа мана, туку се хранеа таа година со плодовите на Ханаанската Земја. 13 Кога Исус му се приближи на градот Ерихон, ги подигна очите и здогледа човек како стои пред него со извлечен меч во раката. Исус му пристапи и го праша: „Дали си ти со нас или си со нашите непријатели?” 14 А тој одговори: „Не, јас сум водач на Господовата војска, и тукушто дојдов. . .” Тогаш Исус падна ничкум, му се поклони и рече: „Што му заповедаш, Господару, на својот слуга?” 15 А предводникот на Господовото воинство му одговори на Исуса: „Собуј ги обувките од своите нозе, зашто е свето местото на кое што стоиш.” И Исус направи така.
1 А Ерихон стоеше силно утврден и затворен пред Израелевите синови. Никој не излегуваше ниту некој влегуваше. 2 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците. 3 Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови. 4 А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите. 5 Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.” 6 Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.” 7 А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.” 8 И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив. 9 Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите. 10 А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!” 11 И нареди Господовиот Ковчег да обиколи еднаш околу градот, па да се вратат во логорот и да преноќеваат таму. 12 Исус подрани утреден, и свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот. 13 А седумте свештеници кои носеа седум труби од овновски рогови тргнаа пред Господовиот Ковчег. Одејќи трубеа во трубите, војниците одеа пред нив, а заштитницата пак зад Господовиот Ковчег, додека трубите одекнуваа. 14 Така и на другиот ден обиколија еднаш околу градот, па се вратија назад во логорот. 15 А на седмиот ден станаа во зората и обиколија околу градот, по истиот онаков ред, седумпати. Само во тој ден обиколија седумпати околу градот. 16 За време на седмото обиколување свештениците затрубија силно во роговите, а Исус му рече на народот: „Извикувајте воени викотници, зашто Господ ви го предаде градот!” 17 Градот нека биде „херем” за Господа - проклет и предаден на уништување со сè што е во него. Само блудницата Рава да остане жива и сите кои ќе бидат со неа во куќата, зашто таа ги скри согледувачите што ги испративме. 18 А чувајте се од проколнато во градот за да не станете и самите проклети затоа што сте зеле проклето, зашто со тоа би сте навлекле проклетство врз логорот и би сте го направиле несреќен. 19 Затоа сето сребро и злато, сите бронзени и железни садови нека му бидат посветени на Господа и нека бидат чувани во Господовото сокровиште.” 20 Тогаш народот извика и трубите одекнаа. Кога екнаа гласот на трубите и воените извикувања на народот, ѕидовите паднаа и народот навлезе во градот, секој оттаму каде што се најде, и го освоија. 21 И тогаш ја извршија заклетвата ништејќи со острилото на мечот сè што беше во градот: машко и женско, старо и младо, волови, овци и ослиња. 22 А тогаш Исус им рече на двајцата што ја согледуваа земјата: „Отидете во куќата на онаа блудница па изведете ја жената со сите нејзини, како што и се заколнавте.” 23 И младите луѓе, согледувачите, отидоа та ги извадија Рава, нејзиниот татко, нејзината мајка, браќата и сите роднини. Ги изведоа сите нејзини и ги сместија надвор од израелскиот логор. 24 Го изгореа градот и сè што беше во него: зедоа само сребро, злато, бронзени и железни садови, и ги ставија во ризницата на Господовиот Дом. 25 Ама Исус ги поштеди: блудницата Рава, и сето нејзино семејство и сè нивно. Таа остана меѓу Израелците до денес, зашто ги скри гласниците кои ги испрати Исус за да го извидат Ерихон. 26 Тогаш Исус ја изрече оваа клетва: „Проклет да биде пред Господовото лице човекот, кој ќе се обиде да го изгради наново Ерихон: да ги гради неговите основи врз својот првенец, да ги крева неговите врати врз својот љубимец!” 27 Господ беше со Исуса, па се пронесе глас за него по целата земја.
1 Но Израелевите синови згрешија тешко во „херемот” (проклетство), зашто Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе, зеде од проколнатите работи, и Господ се разгневи на Израелевите синови. 2 Исус пак испрати луѓе од Ерихон во Гај, што лежи источно од Ветил, и им рече: „Искачете се онаму, извидете ја земјата!” Луѓето отидоа па го извидија Гај. 3 Се вратија при Исуса, му рекоа: „Не треба натаму да се искачува сиот народ; две до три илјади нека отидат за да го освојат Гај. Не мачи го таму сиот народ, зашто таму има малкумина.” 4 Тргнаа натаму околу три илјади луѓе од сиот народ, и избегаа пред оние од Гај. 5 Гајците погубија околу триесет и шест луѓе, и ги тераа од пред своите врати до Сиварим: ги истепаа на стрмината. Тогаш се стопи срцето на народот, како да му е вода во жилите. 6 Исус ги раздра своите облеки и се фрли ничкум пред Господовиот Ковчег, и остана така до вечерта, тој и старешините во Израел, откако ги посипаа главите со пепел. 7 Тогаш Исус рече: „Ах, Господи Боже, зошто го преведе овој народ преку Јордан? За да нè предадеш во рацете на Аморејците за да не погубат? Камо среќа да останевме на онаа страна на Јордан! 8 Прости, Господи! Што да речам друго, кога Израел ги сврте плеќите пред своите непријатели? 9 Ако го чујат тоа Ханаанците и другите жители на земјата, ќе се здружат против нас и ќе го избришат нашето име од земјата. И така, што ќе направиш за Своето големо Име?” 10 А Господ му одговори на Исуса: „Стани! Зошто падна ничкум? 11 Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав. Навистина го зедоа проколнатото, откраднаа, излагаа и присвоија. 12 И затоа Израелците не можат да издржат пред своите непријатели, ги вртат грбовите пред противниците зашто станаа проклети. Јас не можам веќе да бидам со вас, ако од својата средина не ги отстраните проклетите. 13 Стани! Свикај го народот на посветување и речи му: ‘Посветете се за утре, зашто вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Проклетство е во тебе, Израелу; и не ќе издржиш пред своите иепријатели сè додека не го отстраните проклетството од своја средина. „ 14 Затоа утре во мугрите пристапите племе по племе; од племето што ќе го одреди Господ ќе пристапи род по род, а тогаш од родот што ќе го означи Господ ќе пристапи семејство по семејство, а од семејството што ќе го означи Господ ќе пристапи човек по човек. 15 И кој ќе се најде тогаш со проколнатата работа, нека биде изгорен тој и сè што му припаѓа, зашто го прекрши Господовиот Завет и го засрами Израел.’” 16 Подрани Исус наутро и го повика Израел по племиња; пристапија, и беше откриено Јудиното племе. 17 Потоа пристапија род по род од Јудиното племе, и се најде Зарииниот род. Пристапија семејствата на Зарииниот род, домаќин еден по друг, и го пронајдоа Завдиевото семејство. 18 Најпосле Исус нареди да пристапи Завдиевото семејство, мажите еден по еден, и беше најден Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе. 19 Тогаш Исус му рече на Ахан: „Сине мој, воздај Му слава на Господа, Израелевиот Бог, и признај Му што си направил; објасни што си сторил и немој ништо да криеш.” 20 Ахан му рече на Исуса: „Навистина, јас Му згрешив на Господа, Израелевиот Бог, и еве што направив: 21 видов во пленот убава вавилонска наметка, две стотини сикли сребро и златна плоча што тежи педесет сикли, па се полакомив и ги зедов за себе. Ене сè е закопано среде мојот шатор, а среброто е одоздола.” 22 Тогаш Исус испрати пратеници, кои отрчаа во шаторот. И ете, сè беше закопано во шаторот, а среброто одоздола. 23 Зедоа сè од шаторот и им го донесоа на Исуса и на Израелевите старешини и го положија пред Господа. 24 Тогаш Исус ги зеде Ахана синот Зариин, и среброто, наметката и златната плоча, и сите негови синови и ќерки, неговите волови и ослиња, и овците, неговиот шатор и сè што беше негово, па го изведе во долината Ахор. Сиот Израел ги следеше. 25 Рече Исус: „Како што нè направи несреќни, така Господ да те направи тебе несреќен денес! „ И сиот Израел го каменува. 26 Потоа навалија врз него куп камења, што стојат до денес. Така Господ се ублажи од Својот жесток гнев. Заради тој настан она место се нарече долина Ахор, и така се вика до денес.
1 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се и не се плаши! Земи ги со себе сите воини, стани и нафрли се врз Гај. Ете, ти ги предавам во рацете гајскиот цар, неговиот народ, градот и неговата земја. 2 Направи со Гај и со неговиот цар како што направи со Ерихон и со неговиот цар; ама ви е слободно да го приграбите пленот од него и неговиот добиток. Постави му на градот заседа од зад грб.” 3 Се подготви Исус да нападне на Гај и сите воини со него. Избра триесет илјади јунаци и ги испрати ноќе; 4 им даде заповед: „Внимавајте! Ќе отидете во заседа на градот од зад грб, ама да не бидете предалеку од градот, и бидете сите подготвени. 5 А јас и сиот народ, кој ме придружува, ќе му се доближиме на градот; и кога луѓето од Гај ќе излезат пред нас, ние ќе избегаме, како и порано, пред нив. 6 Тие ќе тргнат по нас додека не ги одведеме од градот, зашто ќе мислат: ‘Бегаат пред нас како и порано.’ И така ние ќе избегаме пред нив. 7 Тогаш излезете од заседата и заземете го градот: Господ, нашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете. 8 Штом ќе го освоите градот, изгорете го со оган. Направете го тоа според Господовата заповед. Внимавајте, тоа ви го заповедав.” 9 Исус ги испрати, и тие отидоа во заседа па се сместија меѓу Ветил и Гај, западно од градот. А Исус ја помина ноќта меѓу народот. 10 Рано наутро Исус го преброи народот и тргна со Израелевите старешини пред народот против Гај. 11 Сите војници тргнаа со него, и кога му се приближија на градот, се влогорија северно од Гај, така што меѓу нив и местото беше рамница. 12 Исус зеде околу пет илјади луѓе и постави заседа меѓу Ветил и Гај, од западната страна на градот. 13 А народот се смести во логорот, што беше северно од градот, додека неговата заштитница беше западно од градот. Исус пак ја помина ноќта среде долината. 14 Кога сè тоа го виде гајскиот цар, побрза па излезе тој и сиот негов народ низ надолништето спроти Араба, во бој против Израел. А не претчувствуваа ни дека е наместена заседа зад градот. 15 Тогаш Исус и сиот Израел почнаа да бегаат како да ги победија. И бегаа по патот кон пустината. 16 На тоа Гајците ги повикаа сите од градот и тргнаа во потера по нив, и гонејќи го Исуса се оддалечија од градот. 17 И не остана никој во Гај и Ветил што не тргнал по Израелците. Го оставија градот отворен и ги гонеа Израелците. 18 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Замавни со копјето, што ти е во раката, кон Гај: ти го предавам во рацете.” И Исус го подигна копјето што му беше во раката, и замавна кон градот. 19 И тукушто ја крена раката, луѓето од заседата се кренаа и се растрчаа кон градот, го освоија и веднаш го запалија со оган. 20 Кога оние од Гај се обѕрнаа, имаа што да видат: дим се дигаше од градот кон небото. И никој од нив немаше каде да избега ни таму ни ваму. Тогаш народот што бегаше кон пустината се сврте кон гонителите. 21 Откако Исус и сиот Израел видоа дека заседата го зазеде градот и дека се крева чад од градот, се вратија и удрија на луѓето од Гај. 22 Нивните им излегоа во пресрет од градот, и така оние од Гај се најдоа среде Израелците, опколени и од едната и од другата страна: беа погубени така што ниеден не остана жив, ниту избега. 23 А гајскиот цар го фатија жив и го доведоа при Исуса. 24 Кога Израелците ги погубија сите жители на Гај на отворено поле, и во пустината, кон каде ги гонеа, и кога сите паднаа од меч, Израелците се вратија во Гај и сосекоа со меч сè што беше во него. 25 Беа дванаесет илјади оние кои изгинаа тој ден, мажи и жени - сиот Гај. 26 Исус не ја спушти раката со која замавна со копјето, сè додека не беа погубени сите жители на Гај. 27 Само добитокот и пленот од оној град Израелците ги поделија меѓу себе, како што Господ му нареди на Исуса. 28 Исус го опожари Гај и го направи урнатина засекогаш, пусто место до денес. 29 Го обеси гајскиот цар на дрво до вечерта. При зајдисонце Исус нареди да го симнат трупот од дрвото, го фрлија пред градската врата и нафрлија врз него голем куп камења, што стои и денес. 30 Тогаш Исус му подигна жртвеник на Господа, на Израелевиот Бог, на гората Евал, 31 како што им заповеда Мојсеј, Господовиот слуга, на сите Израелеви синови, и како што е напишано во Мојсеевата книга на Законот: жртвеник од груби камења, неделкани со железо. На него Му беше принесена на Господа жртва паленица и помирителни приноси. 32 Таму на камењето Исус го препиша Мојсеевиот Закон, што беше напишан за Израелевите синови. 33 И сиот Израел и неговите старешини, народните главатари и судии, придојдениците и домашни, застанаа од двете страни на Ковчегот, спроти свештениците и левитите, кои што го носеа Ковчегот на Господовиот Завет - половината кон гората Гаризин, а половината кон гората Евал - за да биде благословен Израелевиот народ според Законот што го заповеда Мојсеј, Господовиот слуга. 34 Тогаш Исус го прочита секој збор на Законот, благословот и проклетството, сè како што е напишано во книгата на Законот. 35 Исус не испушти ниту една Мојсеева наредба, туку сите ги прочита пред соборот на сите Израелци, пред жените, децата и придојдениците кои одеа со нив.
1 За сите настани чуја сите цареви од онаа страна на Јордан во Горјето, во Шефел и вдолж на целиот брег на Големото Море, сè до Ливан: Хетејците, Аморејците, Ханаанците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - 2 па сите се здружија за да удрат сложно против Исуса и Израела. 3 А жителите на Гаваон, поучени од она што Исус му направи на Ерихон и Гај, 4 се присетија на итрина. Почнаа да се преправаат дека се патници: фрлија стари вреќи и вински мевови, искинати и закрпени на своите ослиња, 5 Обуја на нозете употребувани и закрпени обувки и облекоа на себе стара облека. Сиот леб што го носеа со себе беше сув и мувлосан. 6 Стигнаа кај Исуса во галгалскиот логор и им рекоа: нему и на луѓето Израелци: „Доаѓаме од далечна земја, склучите сојуз со нас.” 7 Но луѓето Израелци им рекоа на тие Евејци: „Кој знае дали не живеете можеби меѓу нас? И така, како ќе склучиме сојуз со вас?” 8 А тие му одговорија на Исуса: „Твои слуги сме!” Исус ги праша: „Кои сте и од каде доаѓате?” 9 Одговорија: „Далеку е земјата од која доаѓаат твоите слуги во името на Господа, твојот Бог: чувме за Неговата слава и за сè што му стори на Египет, 10 и за она што им направи на двајцата аморејски цареви, кои владееја од онаа страна на Јордан - на Сион, цар есевонски, и на Ог, цар васански во Астарот. 11 Тогаш нашите старешини, на сите во нашата земја, ни рекоа: ‘Снабдете се со храна за пат, тргнете им во пресрет и речете им: „Ваши слуги сме, и така склучите сојуз со нас.”‘ 12 Еве го нашиот леб: топол го зедовме за по пат од своите куќи кога тргнавме кон вас, а еве, сега е сув и мувлосан. 13 А ова се вински мевови: ги налеавме нови, па еве, веќе се искинати; и нашите облеки и нашите обувки веќе се остарени од далечниот пат.” 14 И луѓето им поверуваа по снабденоста за пат, не прашувајќи го Господа што ќе им рече. 15 Исус склучи мир со нив, и склучи сојуз со нив дека ќе ги поштеди. И главатарите се заколнаа на тоа. 16 А по три дни, откако склучија сојуз со нив, се научи дека им се соседи и дека живеат среде Израел. 17 Тогаш Израелците тргнаа од логорот и стигнаа во нивните градови, а тоа беа: Гаваон, Кефир, Вирот и Киријат Јарим. 18 Ама Израелевите синови не ги нападнаа, зашто главатарите на заедницата им се заколнаа во Господа, Израелевиот Бог. Но сета заедница почна да вика против главатарите. 19 Тогаш сите главатари и рекоа на заедницата: „Ние им се заколнавме во Господа, Израелевиот Бог, и затоа не смееме да ги гибаме. 20 Еве што ќе правиме: да ги оставиме да живеат, за да не нè стигне гнев заради заклетвата со која се заколнавме.” 21 Уште главатарите додадоа: „Нека живеат и нека бидат дрвосечачи и водоносци на целата заедница.” Сето општество го прифати тоа што го рекоа главатарите. 22 Исус ги повика Гаваонците и им рече: „Зашто нè измамивте, велејќи: ‘Многу сме далеку од вас,’ кога, ете, живеете среде нас? 23 Затоа сега ќе биде клетва врз вас, и никогаш не ќе го снема ропството меѓу вас: ќе бидете дрвосечачи и водоносци за Домот на мојот Бог.” 24 Тие му одговорија на Исуса: „Од сите страни стигнуваа гласови до нас, до твоите слуги, како Господ, твојот Бог, му одреди на Мојсеја, на Својот слуга, дека ќе ви ја даде сета земја и дека ќе ги истреби пред вас сите жители на оваа земја; многу се исплашивме од вас за своите животи и затоа го направивме ова. 25 И ете, сега сме во твоите раце: направи со нас што мислиш дека е добро и право.” 26 А Тој им направи вака: ги избави од рацете на Израелевите синови, па не ги погубија. 27 И од тој ден Исус им нареди да сечат дрва и да носат вода, сè до денес, за заедницата и за Господвиот жртвеник, на местото кое и да се избере.
1 А кога ерусалимскиот цар Адони-Седек чу дека Исус го зазеде Гај и дека го предаде на проклето уништување, како што направи со Ерихон и со неговиот цар, и дека жителите на Гаваон склучиле мир со Израел и се вклучиле меѓу нив, 2 многу се исплаши, зашто Гаваон беше значаен како некаков царски град, поголем од Гај, а сите негови жители беа храбри борци. 3 Затоа ерусалимскиот цар Адони-Седек им порача на Оам, хевронски цар, на Пирам, јармутски цар, на Јафиј, лахиски цар и на Давир, еглонски цар: 4 ”Дојдете при мене и помогнете ми да удриме на Гаваон, зашто склучил мир со Исуса и со Израелците!” 5 Тогаш се здружија петте аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар; тие тргнаа и сета нивна војска, го опсадија градот Гаваон и почнаа да го напаѓаат. 6 Тогаш Гаваонците му порачаа на Исуса во логорот во Галгал: „Не напуштај ги своите слуги, туку побрзај кон нас, зашто против нас се здружија сите аморејски цареви, кои живеат во Горјето.” 7 И Исус тргна од Галгал, а со него и сите војници, сите храбри јунаци. 8 А Господ му рече на Исуса: „Не бој се! Јас ги предадов во твои раце, и ниеден од нив не ќе устои пред тебе.” 9 И Исус удри на нив одненадеж, откако цела ноќ идеше од Галгал. 10 И Господ ги смути пред Израелците, кои ги поразија тешко кај Гаваон и ги спотераа кон стрмината по која се влегува во Веторон. Ги толчеа сè до Азика и до Макида. 11 А додека бегаа пред Израел по Веторонската Стрмина, Господ фрлаше од небото на нив град од камења сè до Азика, па гинеа. И загинаа повеќе од градот од камења, отколку што ги погубија Израелевите синови со своите мечеви. 12 Во оној ден кога Господ им ги предаде Аморејците на Израелевите синови, Исус му се обрати на Господа и извика пред Израелците: „Сонце, застани над Гаваон, и месечино, над долината Еалон!” 13 И сонцето застана, и месечината се запре сè додека народот не им се одмазди на своите непријатели. Не пишува ли за тоа во книжниот свиток на Праведникот? И сонцето застана среде небо и не се навали кон запад речиси цел ден. 14 Немаше таков ден ни порано ни после, така што Господ му се одѕва на човечкиот глас. Така Господ војуваше за Израел. 15 Потоа Исус се врати, и сиот Израел со него, во галгалскиот логор. 16 А оние пет цареви избегаа и се сокрија во пештерата кај Макид. 17 Му јавија на Исуса: „Откриени се петте цареви скриени во пештерата кај Макид.” 18 А Исус рече: „Навалете големи камења на отворот на пештерата и поставете луѓе пред неа за да ја чуваат. 19 А вие другите не задржувајте се, туку терајте ги своите непријатели и удирајте ги од зад грб; не оставајте ги да влезат во своите градови, зашто Господ, вашиот Бог, ги предаде во ваши раце.” 20 А кога Исус и Израелевите синови ја привршија битката со тежок колеж - им избегаа само неколку преживеани во цврсти градови - 21 народот се врати здрав и цел кон Исуса во логорот во Макид. И никој веќе ни да писне против Израелевите синови. 22 Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и извадете ми ги оттаму оние пет цареви.” 23 Така и направија: ги изведоа кај него од пештерата петте цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахискиот цар и еглонскиот цар. 24 А кога ги изведоа, Исус ги повика сите Израелци и им рече на војсководачите, кои го придружуваа: „Приближете се и застанете со своите нозе на вратовите на овие цареви.” Тие се приближија и им застанаа со своите нозе на вратовите. 25 Исус рече: „Не бојте се и не плашете се! Бидете храбри и смели, зашто Господ ќе им направи така на сите ваши непријатели, со кои ќе се борите.” 26 Потоа Исус нареди да ги погубат и да ги обесат на пет дрва, и висеа таму до вечерта. 27 А при зајдисонце Исус заповеда да ги симнат од дрвата и да ги фрлат во онаа иста пештера во која се беа засолнале, та на отворот навалија големи камења, што стојат и денес таму. 28 Во истиот ден Исус го зазеде Макид: удри на градот со острилото на мечот и го погуби неговиот цар, и сè живо во градот му го предаде на клетото уништување, не оставајќи никого да избега. И направи со макидскиот цар како што направи со ерихонскиот цар. 29 Потоа отиде Исус и сиот Израел од Макид во Ливна и удри на неа. 30 Господ и неа и нејзиниот цар ги предаде во рацете на Израел, кој со острилото на мечот истреби сè живо во неа; не поштеди никого, а со царот на Ливна направи како и со ерихонскиот цар. 31 Потоа отиде Исус и сите Израелци од Ливна во Лахис, го опсади и го нападна. 32 Господ го предаде Лахис во рацете на Израелците, кои го освоија утреден: истепаа со острилото на мечот сè живо во него, онака како што сторија со Ливна. 33 Тогаш стана Орам, гезерскиот цар, за да му помогне на Лахис, ама Исус го порази него и неговиот народ, така што никој не преживеа. 34 Потоа Исус тргна со сите Израелци од Лахис против Еглон. Го опсадија градот и го нападнаа. 35 Го освоија уште на истиот ден и погубија сè со острилото на мечот. Сè живо предадоа на проклетото уништување, како што направија со Лахис. 36 Тогаш Исус со сиот Израел тргна од Еглон против Хеврон и го нападна. 37 Го освоија и погубија сè со острилото на мечот: царот и жителите во сите места што му припаѓаа, не штедејќи никого. Направи со него како со Еглон. Градот со сите свои жители му беше врачен на клетото уништување. 38 Најпосле Исус тргна, и сиот Израел со него, против Давир, и го нападнаа. 39 Го освоија и го разурнаа; ги истепаа со острилото на мечот неговиот цар и жителите на околните места. Сето негово население му го врачија на проклетото уништување. Не поштедија никого. И Исус направи со Давир и со неговиот цар како што направи со Хеврон и со неговиот цар, со Ливна и со неговиот цар. 40 Така Исус го зазеде сиот оној крај: Горјето и Негев, Шафел и Височините - и сите нивни цареви. Не остави преживеани, туку му предаде на клето уништување сè што дишеше, како што заповеда Господ, Израелевиот Бог. 41 И ги погуби Исус сите од Кадис Варниј до Газа, и сиот крај Госен до Гаваон. 42 Исус ги зазеде одеднаш сите тамошни цареви и нивните земји, зашто Господ, Израелевиот Бог, се бореше за Израел. 43 Најпосле Исус и сиот Израел се вратија во логорот во Галгал.
1 Кога го чу сè тоа Јавин, цар на Асор, ги извести: Јовав, царот на Мадона, и царот на Симрона, и царот на Ахсафа, 2 и царевите на север, во Горјето, и во Араба јужно од Хинерот, и во Шефела, и на височините на Дор спрема морето; 3 Ханаанците на исток и запад, Аморејците, Хетејците, Ферезејците и Евусејците во планините, Евејците под Ермон во земјата Миспа. 4 Сите тие излегоа со своите чети, со мноштво што беше како песок на морскиот брег, и со многу коњи и коли. 5 И така сите тие цареви се здружија и поставија логор заедно покрај водите на Мером, за да се борат против Израел. 6 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се од нив, зашто утре во ова доба ќе направам сите да бидат погубени пред Израел; пресечи им ги жилите на нивните коњи, а нивните коли изгори ги со оган.” 7 Исус ги поведе против нив сите свои војници, ги нападна одненадеж при водите на Мером и удри на нив. 8 И Господ ги предаде во рацете на Израелците, па тие ги поразија и ги протераа сè до Големиот Сидон и до Мисрефот-Маим и до рамницата Миспа на исток; и така ги поразија па никој не преживеа. 9 Исус направи како што му нареди Господ: ги пресече жилите на нивните коњи, а нивните коли ги изгоре со оган. 10 Во исто време Исус се врати и го зазеде Асор, а неговиот цар го погуби со меч. Некогаш Асор им беше главен град на сите тие царства. 11 Убија сè со острилото на мечот, извршувајќи го проклетството „херем.” Не остана ништо живо, а Асор го изгореа со оган. 12 Исус ги покори сите градови на оние цареви и ги погуби царевите со острилото на мечот, извршувајќи го „херемот,” проклетството, како што беше заповедал Мојсеј, Божјиот Слуга. 13 Од другите градови, што се креваа на своите брежиња, Израелците не изгореа ниеден, освен Асор, што го опожари Исус. 14 Сиот плен од тие градови и добитокот, Израелевите синови ги поделија меѓу себе, а сите луѓе ги погубија со острилото на мечот, ги истребија, и не остана ни жива душа. 15 Сè што Господ му заповеда на Својот слуга Мојсеј, Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус изврши сè, не изоставајќи ништо од сè што Господ му беше заповедал на Мојсеја. 16 Така Исус ја зазеде целата земја: Горјето, сиот Негев и сета земја Госен, Шефел, Араба, Израелското Горје и неговите брежиња, 17 од гората Алак, што се издига кон Сир, па до Вал Гад, во ливанската рамница под планината Ермон; ги зароби сите нивни цареви, ги порази и ги погуби. 18 Исус војуваше долго време со тие цареви. 19 Немаше ниту еден град кој склучил мир со Израелевите синови, освен Евејците, кои живееја во Гаваон: сите ги зазедоа со војна. 20 Господ им ги окорави срцата, па излегоа во бој против Израел и паднаа под „херем,” проклетство без смилување, за да бидат истребени, како што Господ му заповеда на Мојсеја. 21 Во тоа време дојде Исус и ги истреби Енакимците од Горјето, од Хеврон, од Давир, од Анава, од сето Јудино Горје и од сето Израелево Горје: ги предаде на „Херем,” на уништување, нив и сите нивни градови. 22 Така не остана ниеден Енакимец во сета земја на Израелевите синови, освен во Газа, Гат и Азот. 23 Исус ја зазеде сета земја, како што Господ му беше рекол на Мојсеја, и му ја даде во наследство на Израел, поделувајќи ја по племињата.
1 Овие се земните цареви што Израелците ги победија и ја освоија нивната земја од онаа страна на Јордан кон исток, од потокот Арнон до гората Ермон, со сета Араба на исток: 2 Сион, аморејски цар, кој престолуваше во Есевон; неговото царство се тегнеше од Ароир, што лежи на работ на долината на потокот Арнон, по средината на долината и половина од Галад па до потокот Јавок, каде што граничеше со Амонците; 3 и на исток му беше Араба до Кинеретското Море од една страна и сè до Арабјанското или Соленото Море кон Вет-Симот; и натаму кон југ до подножјето на Фасга. 4 Со него граничеше Ог, васански цар, еден од последните Рафаинци; престолуваше во Астарот и Едраин. 5 А владееше со гората Ермон и Салх, со целиот Васан сè до гесурската и махатската меѓа, па со другата половина од Галад сè до границата на Сион, есевонскиот цар. 6 Мојсеј, Господовиот слуга, и Израелевите синови сите ги погубија, и Мојсеј, Господовиот слуга, им ја предаде таа земја во сопственост на Рувимовото племе и Гадовото племе и на половината Манасиево племе. 7 А ова се земните цареви што беа победени од Исуса и од Израелевите синови од оваа страна на Јордан кон запад, од Вал Гад во Ливанската Рамница па до гората Алак, што се издига кон Сир, а таа земја Исус им ја даде во наследство на Израелевите племиња според нивните делови, 8 во Горјето, во Шефел, во Араба и по стрмнините, во Пустината па во Негев: земјата хетејска, аморејска и ханаанска, ферезејска, евејска и евусејска 9 ерихонскиот цар, еден, царот на Гај кај Ветил, еден: 10 ерусалимскиот цар, еден; хевронскиот цар, еден; 11 јармутскиот цар, еден; лахискиот цар, еден; 12 еглонскиот цар, еден: гезерскиот цар, еден; 13 давирскиот цар, еден; гадерскиот цар, еден, 14 орамскиот цар, еден; арадскиот цар, еден; 15 царот на Ливна, еден; одоламскиот цар, еден; 16 макидскиот цар, еден; ветилскиот цар, еден; 17 царот на Тапујците, еден; еферскиот цар, еден; 18 афечкиот цар, еден; саронскиот цар, еден; 19 мадонскиот цар, еден; асорскиот цар, еден; 20 симрон-меронскиот цар, еден; ахсавскиот цар, еден; 21 танашкиот цар, еден; мегидскиот цар, еден; 22 кедескиот цар, еден; јокнаемскиот цар, кај Кармел, еден; 23 дорскиот цар во Дорската Покраина, еден; гоимскиот цар во Галгал, еден; 24 тераскиот цар, еден. Вкупно триесет и еден цар.
1 Кога Исус остаре и напредна во своите години, Господ му рече: „Веќе си стар и времен, а остана многу земја за да се освои. 2 Еве ги подрачјата што уште остануваат: сите филистејски покраини и сета гесурска земја; 3 од Сиор, што е пред Египет, сè до границата на Акарон на север, а се смета како подрачје на Ханаанците; пет филистејски кнежевства: Газа, Азот, Аскалон, Гет и Акарон; потоа Авејците 4 на југ. Сета ханаанска земја од Меар што им припаѓа на Сидонците, па до Афек и до аморејската меѓа; 5 тогаш земјата на Гивлејците и сиот Ливан кон исток, од Вал-Гад во подножјето на гората Ермон до преминот Емат. 6 Ќе ги истерам пред Израелевите синови сите жители на подгорјето, од Ливан до Мисрефот на запад - ќе ги истерам сите Сидонци пред Израелевите синови, само раздели му ја на Израел во наследство земјата, како што ти заповедав. 7 И така раздели ја таа земја во наследство меѓу деветте племиња и половината од Манасиевото племе.” 8 Другата половина од Манасиевото племе, а со неа и племето Рувимово и Гадово, го примија своето наследство, што им ја даде Мојсеј преку Јордан, на исток. Мојсеј, Господовиот слуга, им додели вака: 9 од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, и од градот во средината на долината, сета висорамнина од Медев до Девон; 10 сите градови на Сион, царот аморејски, кој владееше во Есевон, сè до меѓата на Амоновите синови; 11 и Галад, и гесурската и махатската краина со сета гора Ермон, и сиот Васан до Салха; 12 а во Васан сето царство на Ог, кој владееше во Астарот и Едраин и беше последен потомок на Рафајците. Мојсеј ги победи и ги протера. 13 Ама Израелевите синови не ги истераа Гесурците и Махатците од средината на Израелците сè до денешниот ден. 14 Само на Левиевото племе не му даде наследство: Господ, Израелевиот Бог, е негово наследство, како што му рече. 15 Мојсеј му даде на племето на Рувимовите синови делови според нивните семејства. 16 Ја примија земјата од Ароир, што лежи на брегот на потокот Арнон, и од градот што е во средината на долината, и сета висорамнина кај Медева; 17 Есевон со сите негови градови кои лежат на висорамнината: Девон, Вамот-Вал, Вет-Вал-Меон; 18 Јаса, Кадим, Мифат; 19 Киријатаим, Сивма, Зарет-Сар на гората над долината; 20 Вет Фегот, Аздот Фазга, Вет Есимот; 21 сите градови на висорамнината и целото царство на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон. Мојсеј го победи како и мадијамските кнезови: Евија, Рекема, Сур, Ур, Рева, Сионови првенци кои живееја во таа земја; 22 и вражалецот Валаам, Веоровиот син, го убија Израелевите синови со острилото на мечот со другите жртви. 23 Меѓник на Рувимовите синови им беше Јордан. Тоа беше наследството на Рувимовите синови според нивните семејства: нивните градови и села. 24 Тогаш му даде Мојсеј на Гадовото племе, на Гадовите синови, делови според нивните семејства. 25 Ги примија во сопственост: Јазир и сите галадски градови, половината од земјата на Амоновите синови сè до Ароир, спроти Рава, 26 и од Есевон до Рамот Миспа и Ветоним, и од Маханаим до покраината Ло-Девир; 27 а во долината: Вет Арам, Вет Нимра, Сокот и Сафон, односно остатокот на царството на Сион, есевонскиот цар; Јордан со брегот сè до крајот на Хинеротското Море, на источната страна на Јордан. 28 Тоа е наследството на Гадовите синови, според нивните семејства, нивните градови и села. 29 Мојсеј и даде дел на половината на Манасиевото племе според неговите семејства. 30 Ги добија во сопственост: земјата од Махан, сиот Васан, сето царство на Ог, васанскиот цар, и сите Јаирови села, што се во Васан - шеесет градови. 31 А половината на Галад, Астарот и Едраин, градовите на Оговото царство во Васан, им припаднаа на синовите на Махир, Манасиевиот син, и тоа половина на Махировите синови според нивните семејства. 32 Така Мојсеј ги подели наследствата во Моавските Полиња, од другата страна на Јордан, источно од Ерихон. 33 Мојсеј не му даде наследство на Левиевото племе: Господ, Израелевиот Бог, е нивното наследство, како што им рече Сам.
1 Ова е што добија во наследство Израелевите синови во Ханаанската Земја - што им разделија во наследство свештеникот Елеазар и Исус, синот Навинов, и главатарите на семејствата на израелските племиња. 2 Наследството го разделија со жрепка, како што Господ одреди преку Мојсеја, меѓу деветте племиња и половината од десеттото племе. 3 Мојсеј им го одреди наследството на двете племиња и на половината од десеттото племе од онаа страна на Јордан, а на Левитите не им даде наследство меѓу нив. 4 Зашто беа две племиња на Јосифовите синови: Манасиевото и Ефремовото. А на Левитите не им дадоа дел од земјата, туку градови, за престојување и пасишта за нивниот добиток и за нивната стока. 5 Како што Господ му заповеда на Мојсеја, така направија Израелевите синови при делбата на земјата. 6 Јудините синови пристапија кон Исуса во Галгал, а Халев синот Јефониев, Кенезеец, му рече: „Ти знаеш што му рече Господ на Мојсеја, на Божјиот човек, за мене и за тебе во Кадис-Варни. 7 Ми беа четириесет години кога Мојсеј, Господовиот слуга, ме испрати од Кадис-Варни да ја согледам земјата. И му донесов извештај како што најдобро знаев. 8 Браќата кои тргнаа со мене го исплашија срцето на народот, но јас ја вршев волјата на Господа, својот Бог. 9 И во тој ден Мојсеј се заколна: ‘Земјата по која стапнуваше твојата нога ќе ти припадне тебе и на твоите синови во вечно наследство, зашто ја вршеше волјата на Господа, мојот Бог.’ 10 И гледаш, Господ ме запази во живот, како што рече. Веќе поминаа четириесет и пет години откако Господ му го вети тоа на Мојсеја, додека Израел уште одеше низ пустината; сега сум на осумдесет и пет години, 11 но уште сум и денес силен, како што бев во оној ден кога Мојсеј ме испрати како согледувач. Како некогаш, и сега е мојата сила во мене, за борба за да отидам и да се вратам. 12 Дај ми го сега ова горје, што Господ ми го вети во оној ден. Сам чу во оној ден. Таму се Енакимците, а градовите им се големи и цврсти. Ако е Господ со мене, ќе ги изгонам, како што го вети тоа Господ.” 13 Тогаш Исус го благослови, и му го даде на Халева, синот Јефониев, Хеврон во наследство. 14 Хеврон му припадна во наследство на Халев, синот Јефониев, Кенезец, сè до денес, зашто Халев ја вршеше волјата на Господа, Израелевиот Бог. 15 Хеврон се викаше порано Киријат Арва; а Арва беше голем човек меѓу Енакимците.
1 Делот што му припадна на племето на Јудините синови, според нивните семејства, беше кон едомската граница, на југ до Цинската пустина, на крајниот југ. 2 А нивната јужна меѓа одеше од крајот на Соленото Море, од заливот што е на југ; 3 тогаш излегуваше јужно од Акравимското Нагорниште, се тегнеше преку Цин и се искачуваше јужно од Кадис Варни, преминуваше преку Есрон, се качуваше кон Адар и оттаму свртуваше кон Карк; 4 потоа преминуваше преку Аселмон и допираше до Египетскиот Поток и најпосле излегуваше на море. Тоа ви е јужната меѓа. 5 Меѓата кон исток беше: Соленото Море до крајот на Јордан. Северната меѓа почнуваше од Соленото Море, кај заливот на Јордан. 6 Оттаму меѓата се искачуваше во Ветагла, минуваше северно од Вет-Арава, одеше горе на Каменот Воана, на Рувимовиот син. 7 Потоа меѓата се креваше од Ахорската долина кон Давира, вртеше на север кон Галгал, што лежи спроти Адумимското Нагорниште, јужно од потокот; меѓата поминуваше натаму кон водите на Ен-Семес па излегуваше кај Ен-Рогел. 8 Оттаму преку долината Бен-Еном се креваше од југ кон Евуската Стрмина, односно кон Ерусалим. Потоа се искачуваше на врвот на гората, што на запад гледа кон Еном и лежи на северниот крај на долината Рафаим. 9 Од врвот на таа гора меѓата завртуваше кон изворот Нефтој па излегуваше спроти градовите на гората Ефрон, потоа да сврти кон Вал, потоа кон Киријат-Јарим. 10 Од Вал меѓата завиваше на задад кон гората Сир и тогаш, поминувајќи северно од гората Јарим, односно Хасалон, се спушташе во Вет-Семес па одеше кон Тамна. 11 Натаму меѓата продолжуваше кон северната стрмина на Акарон, завртуваше кон Сикрон, ги поминуваше висовите на Вал, се тегнеше до Јавнил, за да излезе конечно на море. 12 Западната меѓа е Големото Море со брегот. Тоа беа земјите на Јудините синови, наоколу, според нивните семејства. 13 Халев, Ефониевиот син, прими дел меѓу Јудините синови, како што Господ му нареди на Исуса. Му ја даде Киријат-Арва, главниот град на Енаковите синови - Хеврон. 14 Халев истера оттаму три Енакови синови: Сесај, Ахиман и Талмај, Енакови потомци. 15 Оттаму тргна против жителите на Девир, што некогаш се викаше Киријат-Сефер. 16 Тогаш Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дам својата ќерка Ахса за жена.” 17 Го зазеде Готонил, синот на Кенеза, брат Халевов; и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена. 18 Кога дојде кај мажот, тој ја наговори да побара имот од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?” 19 Таа одговори: „Дај ми благослов! Кога ми го даде Негев, дај ми и некои водни извори.” И тој и ги даде Горните и Долните извори. 20 Тоа беше наследството на племето на Јудините синови според нивните семејства. 21 Градови меѓници на племето на Јудините синови, вдолж на едомската меѓа беа: Кавсеил, Едер, Јагур; 22 Кина, Димона, Адада; 23 Кадес, Асор, Итнан; 24 Зиф, Телем, Валот; 25 Нов Асор, Киријат-Есрон (односно Асор); 26 Амам, Сама, Молада; 27 Асар-Гада, Есемон, Вет-Фалет; 28 Асар-Суал, Вир-Савеа, Визиотија; 29 Вала, Им, Асем; 30 Елтолад, Хесил, Орма; 31 Сиклаг, Мадмана, Сансана; 32 Леваот, Силеим, Аин и Римон: вкупно дваесет и девет градови со своите села. 33 Во долината: Естаол, Сараја, Асна; 34 Заној, Ен Ганим, Тафуј, Инам; 35 Јармут, Одолам, Сохо, Азика; 36 Сагарим, Адитаим, Гедира, Гедиротаим: четиринаесет градови со своите села. 37 Сенан, Адаса, Мигдал-Гад; 38 Дилан, Миспа, Јоктеил; 39 Лахис, Васкат, Еглон; 40 Хавон, Ламас, Хитлис; 41 Гедирот, Вет-Дагон, Нама, Макида: шеснаесет градови со своите села. 42 Ливна, Етер, Асан; 43 Јефта, Асна, Несив; 44 Кеила, Ахзив и Мариса: девет градови со своите села. 45 Акарон со населбите и со своите села; 46 од Акарон па до морето, сè што се наоѓа покрај Азот, со своите села; 47 Азот со населбите и со своите села; Газа со населбите и со своите села до Египетскиот Поток и до Големото Море, кое е меѓа. 48 А во Гората: Самир, Јатир, Сохо; 49 Дана, Киријат Сана (тоа е Давир); 50 Анав, Естемон, Аним; 51 Госен, Олон, Гилон: единаесет градови со своите села. 52 Арав, Дума, Есан; 53 Јанум, Вет-Тафуј, Афека, 54 Хумата, Киријат-Арва (односно Хеврон), Сиор: девет градови со своите села. 55 Маон, Кармел, Зиф, Јута; 56 Језраел, Јокдеам, Заноја; 57 Акаин, Гаваја, Тамна: десет градови со своите села. 58 Алул, Вет-Сур, Гедор; 59 Марат, Вет-Анот, Елтекон: шест градови со своите села. 60 Киријат-Вал (односно Киријат Јарим) и Рава: два града со своите села. 61 Во пустината: Вет-Арава, Мидин, Сехах; 62 Нивсан, Солениот Град и Ен-Гади; шест градови со своите села. 63 А Евусејците, кои живееја во Ерусалим, Јудејците не можеа да ги истераат. Така останаа со Јудините синови во Ерусалим, сè до денес.
1 На Јосифовите синови им припаднаа со жрепка недвижниот имот: од Јордан кај Ерихон, од Ерихонските Води на исток, па низ пустината кон Ветилската Гора; 2 од Ветил до Луз, меѓата продолжуваше низ подрачјето на Архијците до Атарот. 3 Потоа се спушташе на запад до јафлетската меѓа, сè до долниот Вет-Орон и до Гезер, откаде излегуваше на море. 4 Тоа беше наследството на Јосифовите синови: Манасиј и Ефрем. 5 Подрачјето на Ефремовите синови, според нивните семејства, беше ова: меѓата на нивното наследство кон исток одеше од Атарот Адар па до Горниот Вет-Орон. 6 Оттаму се тегнеше до морето. (одеше на) Михметат на север и вртеше натаму на исток кон Танат-Силон и поминуваше од источната страна на Јанох. 7 Од Јанох се спушташе во Атарот и Нарат и тогаш, допирајќи до Ерихон, удираше во Јордан. 8 Од Тафуј меѓата одеше кон запад до потокот Кана па излегуваше на море. Тоа беше наследството на племето на Ефремовите синови според нивните семејства. 9 А Ефремовите синови ги имаа сите тие градови со нивните села, и уште одделени градови среде наследството на Манасиевите синови. 10 Ама не успеаја да ги изгонат Ханаанците, кои живееја во Гезер. Така Ханаанците останаа меѓу Ефремовите синови до денес, но им беше наметнат данок.
1 Со жрепка му падна и делот на Манасиевото племе, зашто Манасиј беше Јосифов првенец. На Махир, Манасиевиот првенец, Галадовиот татко - тој беше воин - му припаднаа Галад и Васан. 2 Свој дел добија и другите Манасиеви синови според своите семејства: синовите Авиезерови, синовите Хелекови, синовите Азрилови; синовите Сихемови, синовите Еферови и синовите Семидини. Тоа се машките потомци на Манасиј, Јосифовиот син, според своите семејства. 3 А Салпад, синот Еферов, синот Махиров, синот Манасиев, немаше синови, туку само ќерки. Еве им ги имињата: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса. 4 Тие дојдоа пред свештеникот Елеазар и пред Исуса, Навиновиот син, и пред главатарите, говорејќи: „Господ му заповеда на Мојсеја да ни се даде и нам наследство меѓу нашите браќа.” И им дадоа по Господовата заповед наследство меѓу браќата на нивниот татко. 5 Така му припаднаа десет делови на Манасиј, освен земјата Галадска и Васанска, што се од онаа страна на Јордан. 6 Манасиевите ќерки добија наследство меѓу своите синови, а галадската земја им припадна на другите Манасиеви синови. 7 Манасиевата меѓа одеше од Асир до Михмет, што лежи спроти Сихем, а потоа свртуваше десно до жителите на Ен-Тафуј. 8 Покраината Тафуј му припаѓаше на Манасиј, но самиот Тафуј на Манасиевата меѓа им припаѓаше на Ефремовите синови. 9 Меѓата влегуваше до потокот Кана. Јужно од потокот беа и овие градови што им припаѓаа на Ефремовите синови од Манасиевите градови; А Манасиевата земја се наоѓаше на север и излегуваше на море. 10 Подрачјето на југ му припаѓаше на Ефрем, на север на Манасиј, а морето им беше меѓа; на север граничеа со Асир, а на исток со Исахар. 11 На Манасиј му припаѓаа во Исахар и во Асир; Вет-Сан со своите села, Ивлеам со своите села, жителите на Дор со своите села, жителите на Мегид со своите села; и така: три подрачја. 12 Но Манасиевите синови не можеа да ги освојат тие градови, и затоа Ханаанците останаа во тој крај. 13 Но кога Израелевите синови зајакнаа, им наметнаа на Ханаанците данок, ама не успеаја да ги протераат. 14 Тогаш Јосифовите синови му се обратија на Исуса и прашаа: „Зошто ни даде во наследство според една жрепка, само еден дел, кога сме многубројни и Господ нè благословуваше досега?” 15 Исус им одговори: „Штом сте многуброен народ, отидете во горите и расчистете си таму земја во ферезејската и рафајската околија, ако ви е претесна Ефремовата Гора.” 16 А Јосифовите синови рекоа: „Оваа гора не ќе ни биде достатна, а сите Ханаанци кои живеат во рамницата имаат железни коли, тие што се во Вет-Сан и во нивните села, и тие што се во Езраелската Долина.” 17 Тогаш Исус му одговори на Јосифовиот, и Ефремовиот и Манасиевиот дом: „Вие сте многуброен народ и имате голема сила. Затоа не ќе добиеш само една жрепка: 18 гората нека биде твоја. Ако е со дрва, исечи ги, па стрмината ќе биде сопственост на твојот дом. Ќе ги изгониш безбедно Ханаанците и ако имаат железни коли, и ако се јаки.”
1 Се собра заедницата на Израелевите синови во Сило, и таму го оптегнаа Шаторот на средбата. Сета земја им се покори. 2 Но меѓу Израелевите синови останаа уште седум племиња, кои не го примија своето наследство. 3 Тогаш Исус им рече: „До кога ќе се двоумите да тргнете и да ја земете во сопственост земјата што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци? 4 Изберете по тројца луѓе од секое племе, а јас ќе ги испратам да ја опишат сета земја за делба. Кога ќе се вратат при мене 5 ќе ја поделам земјата на седум делови. Јуда нека остане во своето подрачје на југ, а Јосифовиот дом нека остане на својот крај на север. 6 А вие опишете ја земјата на седум делови и донесете ми тука, за да фрлам жрепка за вас тука пред Господа, нашиот Бог. 7 Левитите не ќе имаат дел меѓу вас, зашто Господовото свештенство е нивно наследство; а Гад, Рувим и половината од Манасиевото племе го примија своето наследство на источната страна на Јордан - она што им го даде Мојсеј, Господовиот слуга.” 8 Луѓето се подготвија за пат, а Исус им заповеда на оние кои тргнаа да ја опишат земјата: „Отидете и обиколете ја сета земја и опишете ја, па тогаш вратете се кај мене за да фрлам жрепка тука пред Господа во Сило.” 9 Тие луѓе отидоа, поминаа низ земјата и ги запишаа во книга сите градови во седум делови, па се вратија кај Исуса во логорот во Сило. 10 А Исус фрли за нив жрепка во Сило пред Господа, и таму им ја раздели Исус земјата на Израелевите синови според нивните племенски делови. 11 И жрепката му падна на племето на Венијаминовите синови според нивните родови: се утврди дека нивниот дел е меѓу делот на Јудините синови и на Јосифовите синови. 12 Северната меѓа им се тегнеше од Јордан па излегуваше покрај северната стрмина на Ерихон, се искачуваше од запад на гората и завршуваше во пустината Вет-Авен. 13 Оттаму одеше кон Луз, односно Ветил; потоа се спушташе во Атарот-Адар, покрај брдото што е јужно од Долниот Вет-Орон. 14 Натаму меѓата завиваше и свршуваше од запад кон југ, од гората што се издига спроти Вет-Орон од југ, и завршуваше кај Киријат-Вал, денес Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна. 15 Јужната страна почнуваше од границите на Киријат-Јарим, па се тегнеше на запад кон изворот Нефтој, 16 потоа меѓата се спушташе до крајот на гората што е спроти долината на Еномовиот син на север на Рафаимската низина, потоа слегуваше во долината Еном покрај Јевусејската Стрмина и стигаше до изворот Ен-Рогил. 17 Потоа свртуваше од север па излегуваше на Ен-Семес и го допираше Галилот, што се издига спроти Адумимското Нагорниште, и слегуваше на Каменот Воан, на Рувимовиот син. 18 Потоа поминуваше по стрмината од северната страна на Вет-Арава и слегуваше до Арава. 19 Натаму меѓата течеше покрај стрмината Вет-Огла кон север и свршуваше на северниот залив на Соленото Море, до јужниот крај на Јордан. Тоа е јужната меѓа. 20 Јордан пак беше меѓа на источната страна. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со нивните меѓи наоколу според нивните семејства. 21 Градовите на племето на Венијаминовите синови според нивните родови се: Ерихон, Вет-Огла, Емек-Кесис; 22 Вет-Арава, Семараим, Ветил; 23 Авин, Фара, Офра; 24 Хефар-Амона, Офниј и Гава: дванаесет градови со своите села. 25 Гаваон, Рама, Вирот; 26 Миспа, Хефира, Моса; 27 Рекем, Ирфаил, Тарала; 28 Сила, Елеф, Јевус (тоа е Ерусалим), Гават и Киријат: четиринаесет градови со своите села. Тоа е наследството на Венијаминовите синови според нивните родови.
1 Втората жрепка излезе за Симеона, за племето на Симеоновите синови според нивните семејства: нивното наследство беше среде Јудините синови. 2 Им беа доделени како наследство: Вир-Савеа, Савеа, Молада; 3 Асар-Суал, Вала, Асем; 4 Елтолад, Ветул, Орма: 5 Сиклаг, Вет-Маркавот, Асар-Суса; 6 Вет-Леваот и Саруен: тринаесет градови и нивните села. 7 Аин, Ремон, Етер и Ашан: четири градови и нивните села. 8 И сите населби што се околу тие градови, до Валат-Вира, Раман Негев. Тоа е наследството на племето на Симеоновите синови според нивните семејства. 9 Наследството на Симеоновите синови беше од делот на Јудините синови, зашто делот доделен на Јудините синови беше преголем за нив. Затоа Симеоновите синови го добија своето наследство среде нивното наследство. 10 Третата жрепка излезе за синовите на Завулоновото племе според нивните семејства: нивното подрачје стигаше до Сарида, 11 откаде нивната меѓа се искачуваше на запад до Марала, стигнуваше до Давасет и допираше до потокот што е спроти Јокнеам. 12 Од Сарида меѓата свртуваше кон исток, сè до меѓата на Кислот-Тавор, откаде излегуваше до Даврат и се искачуваше до Јафа. 13 А оттаму одеше пак кон исток, до Гита Ефер и до Ита-Касин, излегуваше на Ремон и се враќаше до Неа. 14 Оттаму свртуваше од север околу Анатон и завршуваше во долината Јефта-Ил. 15 Па Катат, Налал, Симрон, Идал и Витлеем: дванаесет градови со своите села. 16 Тоа беше наследството на Завулоновите синови според нивните семејства: тие градови со нивните села. 17 Четвртата жрепка излезе за Исахар, за Исахаровите синови според нивните семејства. 18 А пределот им беше: Езраел, Кесулот, Суним; 19 Афераим, Сеон, Анахарат; 20 Равит, Кисион, Авес; 21 Ремет, Ен-Ганим, Ен-Ада и Вет-Фасис. 22 Потоа меѓата допираше до Тавор, Сахасим и Вет-Семес и излегуваше на Јордан: шеснаесет градови со нивните села. 23 Тоа е наследството на племето на Исахаровите синови според нивните семејства: тие градови со своите села. 24 Петтата жрепка излезе за племето на Асировите синови според нивните семејства. 25 Нивната земја беше: Хелкат, Али, Ветен, Ахсаф; 26 Аламелех, Амад, Мисал. На запад меѓата допираше до Кармел и до Сихот-Ливнат. 27 Потоа завртуваше кон сончевиот исток до Вет-Дагон, и допираше до Завулон и до долината Ефтаил од север; натаму се тегнеше низ Ветемек и Наил и стигнуваше до Хавул одлево, 28 па Хеврон, Реов, Амон и Кана сè до Големиот Сидон. 29 Тогаш меѓата свртуваше кон Рама и до тврдиот град Тир, па завртуваше кон Оса и излегуваше на море. Ги опфаќаше Махалев, Ахсив. 30 Ама, Афек и Реов: дваесет и два града со нивните села. 31 Тоа е наследство на племето на Асировите синови според нивните семејства: тие градови и нивните села. 32 Шестата жрепка излезе за Нефталимовите синови според нивните семејства. 33 Нивната меѓа оди од Елав и од Алон во Сананим, од Адами-Некева и од Јавнил до Лакум и излегува на Јордан. 34 Потоа меѓата свртува на запад кон Азнот-Тавор и се тегне оттаму кон Укок; на југ допира до Завулон, на запад до Асир и до Јуда на исток до Јордан. 35 Утврдени градови беа: Сидим, Сер, Амат, Ракат, Хинерот; 36 Адама, Рама, Асор, 37 Кадес, Едреј, Ен-Асор; 38 Ирон, Мигдал-Ил, Орем, Вет-Анат, Вет-Семес: деветнаесет градови со своите села. 39 Тоа е наследството на племето на Нефталимовите синови според нивните семејства: тие градови и нивните села. 40 Седмата жрепка излезе за племето на Дановите синови според нивните семејства. 41 Подрачјето на нивното наследство беше: Сар, Естаол, Ир-Семес, 42 Салавин, Ајалон, Етла, 43 Елон, Тамната, Акарон, 44 Елтекон, Гиветон, Валат, 45 Јуд, Вани-Варак, Гат-Римон, 46 Ме-Јаркон и Ракон со подрачјето кон Јопа. 47 Ама подрачјето на Дановите синови беше претесно за нив; затоа Дановите синови удрија на Лесем, го освоија и погубија сè со острилото на мечот, и Лесем го нарекоа Дан, по името на Дан, својот татко. 48 Тоа е наследството на племето на Дановите синови според нивните семејства: тие градови и нивните села. 49 Кога ја завршија делбата на земјата со жрепка и ги утврдија нејзините меѓи, Израелците му дадоа на Нсуса, синот Навинов, наследство во својата средина. 50 По Господовата заповед му го дадоа градот што го сакаше за себе: Тамнат-Сарах во Ефремовата Гора; тој го утврди градот и се настани во него. 51 Тоа се наследствата што свештеникот Елеазар и Исус, синот Навинов, и главатарите на израелските племиња ги поделија со жрепка меѓу израелските племиња во Сило, пред Господа, при вратата на Шаторот на средбата. Така ја завршија делбата на земјата.
1 Господ му рече на Исуса: 2 ”Кажи им на Израелевите синови и речи им: ‘Одредете си за себе градови - засолништа за кои што ви зборував преку Мојсеја, 3 за да би таму можел да избега убиец кој ќе убие некого од несакање, и за да ви бидат засолништа од крвниот одмазник. 4 Ако убиец избега во некој од тие градови, нека застане пред градската врата и нека им ја изнесе на старешините на тој град својата работа. Тие нека го примат во својот град и нека му одредат место каде ќе престојува меѓу нив. 5 Ако крвниот осветник го гони, не смеат да го предадат убиецот во неговите раце: та на несакање го убил својот ближен, а не од омраза. 6 Убиецот нека остане во тој град сè додека не стапи пред судот на заедницата или до смртта на големиот свештеник, кој ќе биде во она време. Тогаш убиецот нека се врати и нека отиде во својот град и во својот дом - во градот од кој пребегна.’” 7 И ги посветија Кадес во Галилеја, во Нефталимовата Гора; Сихем во Ефремовата Гора; Киријат-Арва, односно Хеврон во Јудината Гора, 8 оттаде Јордан, источно од Ерихон, ги одредија Восор во пустината, во рамницата на Рувимовото племе, и Рамот во Галад од Гадовото племе, и Голан во Васон од Манасиевото племе. 9 Тоа беа градовите определени за сите Израелци и придојденици, кои престојуваат меѓу нив: ваму можеше да избега секој, кој ќе убиеше неволно друг, та да не загине самиот од осветничка рака додека не излезе на суд, пред заедницата.
1 Тогаш главатарите на левитските татковски домови појдоа кај свештеникот Елеазар и кај Исуса, Навиновиот син, и кај племенските главатари на Израел. 2 И им рекоа во Сило, во Ханаанската земја: „Господ заповеда преку Мојсеја да ни се дадат градови каде ќе живееме и пасишта околу нив за нашиот добиток.” 3 Израелците им ги дадоа на левитите од своето наследство, според Господовата заповед овие градови со нивните пасишта. 4 И така излезе жрепка за Каатовото семејство: на левитите, на потомците на свештеникот Арон, им припаднаа триесет градови од племињата: Јудиното, Симеоновото и Венијаминовото; 5 На другите Каатови синови им припаднаа со жрепка според семејствата десет градови од племињата: Ефремовото и Дановото и од половината племе Манасиево. 6 Гирсоновите синови добија според семејствата тринаесет градови од племињата: Исахаровото, Асировото и Нефталимовото и од половината племе Манасиево во Васан. 7 На Мерариевите синови според нивните семејства им припаднаа дванаесет градови од племињата: Рувимовото, Гадовото и Завулоновото. 8 Така, Израелците со жрепка им ги доделија на левитите тие градови со пасиштата, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја. 9 Од племето на Јудините синови и од племето на Симеоновите синови беа доделени овие градови што се спомнуваат по име: 10 на Ароновите синови во Каатовите левитски семејства, зашто првата жрепка беше за нив, 11 им припаднаа Киријат-Арва, главниот град на Анаковците, односно Хеврон, во Јудината Гора, со пасиштата наоколу. 12 Ама полињата околу тој град со селата наоколу веќе му беа дадени во наследство на Халев, Јефониевиот син. 13 На синовите на свештеникот Арон им припаднаа градот - засолниште Хеврон со пасиштата и Ливна со пасиштата; 14 Јатир со пасиштата, Естемоја со пасиштата, 15 Олон со пасиштата, Давир со пасиштата, 16 Аин со пасиштата, Јута со пасиштата, Вет-Семес со пасиштата. И така, девет градови од оние две племиња. 17 Од Венијаминовото племе: Гаваон со пасиштата, Гаваја со пасиштата, 18 Анатот со пасиштата, Алмон со пасиштата. И така, четири града. 19 Така свештениците, Ароновите синови, добија вкупно тринаесет градови со нивните пасишта. 20 На другите левити со семејствата на Каатовите синови со жрепка им припаднаа градовите на Ефремовото племе. 21 Им ги дадоа: градот - засолниште Сихем со неговите пасишта на Ефремовата Гора, потоа Гезер со пасиштата, 22 Кивсаим со пасиштата, Вет-Орон со пасиштата: четири града. 23 Од Дановото племе ги добија: Елтекон со пасиштата и Гиветон со пасиштата, 24 Ајалон со пасиштата и Гат-Римон со пасиштата: четири града. 25 Од половината Манасиево племе: Танах со пасиштата и Гат-Римон со пасиштата: два града. 26 Вкупно семејствава на другите Каатови синови добија десет градови со пасиштата. 27 На Гирсоновите синови, на левитските семејства им ги дадоа од половината Манасиево племе градот - засолниште Голан во Васан и Вестера со нивните пасишта: два града. 28 Од Исахаровото племе: Кисон со пасиштата, Даврот со пасиштата, 29 Јармут со пасиштата и Ен-Ганим со пасиштата: четири града. 30 Од Асировото племе: Мисал со пасиштата, Авдон со пасиштата, 31 Хелкат со пасиштата и Реов со пасиштата: четири града. 32 Од Нефталимовото племе: град - засолниште Кедес во Галилеја со пасиштата, Амот-Дор со пасиштата и Картан со пасиштата: три града. 33 Вкупно Гирсонови градови според нивните семејства беа тринаесет со пасиштата. 34 На семејствата на Мерариевите синови, на левитите што останаа им ги дадоа од Завулоновото племе: Јокнеам со пасиштата, Карта со пасиштата, 35 Димна со пасиштата, Налол со пасиштата: четири града. 36 Од онаа страна на Јордан, од Рувимовото племе, им ги дадоа: градот - засолниште Восор со пасиштата на пустинската висорамнина, Јаза со пасиштата, 37 Кедимот со пасиштата, Мефат со пасиштата; четири града. 38 Од Гадовото племе: градот - засолниште Рамот во Галада со пасиштата, Маханаим со пасиштата, 39 Есевон со пасиштата, Јазир со пасиштата: четири града. 40 Вкупно им беа доделени со жрепка на семејствата на Мерариевите синови, на левитите што останаа, дванаесет градови. 41 Така среде наследството на Израелевите синови беа четириесет и осум левитски градови со пасиштата. 42 Секој тој град имаше и пасишта наоколу. Така беше со сите спомнати градови. 43 Така Господ им ја даде на Израелците сета земја за која се заколна дека ќе им ја даде на нивните татковци. Ја примија во сопственост и се населија во неа. 44 И Господ им даде да се одморат во мир на сите меѓи, како што им се беше заколнал на нивните татковци. Никој од нивните непријатели не беше способен да им даде отпор. 45 Од сите ветувања што Господ му ги даде на Израелевиот дом ниедно не остана неисполнето. Сè се исполни.
1 Тогаш Исус ги свика синовите Рувимови и Гадови и половината од Манасиевото племе, 2 и им рече: „Извршивте сè што Мојсеј, Господовиот слуга, ви заповеда, и ме послушавте во сè што ви наредив. 3 Не ги оставивте своите браќа и покрај долгото војување до денешниот ден, и ги вршевте верно заповедите на Господа, својот Бог. 4 Сега Господ, вашиот Бог, им даде мир на вашите браќа, како што им беше ветил. Вратете се сега во своите шатори, во земјата што ви ја даде Мојсеј, Господовиот слуга: во наследство од онаа страна на Јордан. 5 Само внимавајте да ги исполнувате заповедите и Законот што ви го даде Мојсеј, Господовиот слуга: да Го љубите Господа, својот Бог, да одите секогаш по неговите патишта, да ги чувате Неговите заповеди, да се држите покрај Него и да Му служите со сето срце и со сета душа.” 6 И Исус ги благослови и ги отпушти, а потоа тие се вратија во своите шатори. 7 Мојсеј и беше дал на едната половина од Манасиевото племе наследство во Васан; а на другата половина Исус и го даде среде нивните браќа западно од Јордан. Отпуштајќи ги во нивните шатори, Исус ги благослови: 8 и им рече: „Вратете се во своите шатори со големо богатство и со многу добиток, со сребро, и со злато, со бронза, со железо и со облеки во изобилство, и поделете го пленот од своите непријатели со своите браќа.” 9 Се вратија Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе; си отидоа од Израелевите синови во Сило, во Ханаанската Земја, да тргнат за Галадската Земја, во своето наследство што го зазедоа како што им заповеда Господ преку Мојсеја. 10 Кога стигнаа до јорданското подрачје во Ханаанската Земја, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник при Јордан, голем жртвеник, што се гледаше оддалеку. 11 Израелците чуја како што се зборува: „Еве, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник спроти Ханаанската Земја, при Јордан, на израелската страна.” 12 На тоа се собра сета заедница на Израелевите синови во Сило за да тргнат во бој против нив. 13 Израелците им ги испратија, на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на половината на Манасиевото племе: Финес, синот на свештеникот Елеазар, 14 и со него десет кнезови, по еден родовски главатар од секое Израелево племе, а секој од нив беше главатар на татковиот дом меѓу илјадници Израелеви семејства. 15 И кога тие дојдоа при Рувимовите синови, при Гадовите синови и при половината од Манасиевото племе во галадската земја, им рекоа: 16 ”Еве што вели за вас сета Господова заедница: ‘Што значи престапот што го правите против Господа, Израелевиот Бог? Зашто се одвративте денес од Господа и, подигнувајќи жртвеник, зашто се буните против Господа? 17 Зар не ви е доста злосторот од Фегор, од кого уште не се очистивме до денешен ден и заради кого дојде помор врз Господовата заедница? 18 Ако денес се одвратувате од Господа и ако се буните денес против Него, не ќе ли се излее утре Неговиот гнев на сета Израелева заедница? 19 Или ви е можеби нечиста земјата на вашето наследство? Тогаш преминете во земјата на Господовото наследство, во која е Господовото Престојувалиште, и земете дел меѓу нас. Ама не бунете се против Господа и не бунете се против нас, издигајќи си жртвеник покрај жртвеникот на Господа, нашиот Бог. 20 Не направи ли грев сам, Ахан Зариниот син, за „херемот,” па гневот падна на сета Израелева заедница? Зар не умре заради својата кривица?’” 21 Тогаш одговорија Рувимовите синови, Гадовите синови и половината на Манасиевото племе, велејќи им на Израелевите главатари: 22 ”Бог, Господ Бог, Бог над боговите, Господ знае и Израел нека знае: ако тоа беше побуна или престап против Господа, нека ни ја скрати Својата помош денес; 23 ако го подигнавме жртвеникот за да се одвратиме од Господа и за да принесуваме жртви паленици, лебни приноси и помирителни жртви, тогаш Господ нека ни суди! 24 Тоа го направивме од грижа и страв и рековме: ‘Еден ден вашите синови ќе им речат на нашите: „Што ви е заедничко со Господа, Израелевиот Бог? 25 Зар Господ, Рувимови синови и Гадови синови, не ја стави меѓу вас и нас нашата меѓа Јордан? Вие немате дел во Господа.” И така вашите синови би можеле да направат нашите синови да се одвратат па да не го почитуваат Господа.’ 26 Затоа рековме: ‘Да подигнеме жртвеник, но не за паленици ниту за жртви 27 туку за да биде сведоштво меѓу нас и вас, дека сакаме да Му служиме на Господа со наши жртви и со наши благодарности. Така да не можат некогаш вашите синови да им речат на нашите: „Немате дел во Господа.”‘ 28 Ако некогаш би ни рекле нам и на нашите потомци, би можеле да одговориме: ‘Погледајте го обликот на Господовиот жртвеник, што го подигнаа нашите татковци, не за паленици ниту за жртви туку за сведоштво меѓу нас и вас.’ 29 Ни на крај на паметот не ни е мислата да се буниме против Господа и да се одвратиме од Него подигајќи жртвеник за паленици, за лебни приноси и жртви, освен жртвеникот на Господа, нашиот Бог, што е пред Неговото Живеалиште!” 30 Кога свештеникот Финес, кнезовите на собирот и главатарите на Израелевите илјади, кои беа со нив, ги чуја зборовите што им ги рекоа Гадовите синови, Рувимовите синови и Манасиевите синови, се смирија. 31 Тогаш свештеникот Финес, синот Елеазаров, им одговори на Рувимовите синови, на Гадовите синови и на Манасиевите синови: „Сега сознавме дека е Господ меѓу нас, зашто не му изневеривте: така ги запазивте Израелевите синови од Господовата казна.” 32 Свештеникот Финес, синот Елеазаров, и кнезовите си отидоа од Рувимовите синови и од Гадовите синови, и се вратија од галадската земја во ханаанската кај Израелевите синови, и им го кажаа одговорот. 33 На Израелевите синови им беше мил тој одговор Го фалеа Бога и се откажаа од наумот да удрат против нив и да ја запустат земјата во која живееја Рувимовите синови и Гадовите синови. 34 Рувимовите синови и Гадовите синови го нарекоа жртвеникот „Ед” - „Сведоштво,” зашто рекоа: „Тоа е сведоштво меѓу нас: Господ е Бог.”
1 Поминаа многу денови откако Господ му даде на Израел да се одмори од сите непријатели наоколу. И Исус беше остарел, навлегол во години. 2 Затоа Исус ги повика сите Израелци, старешините, главатарите, судиите и управителите нивни, и им рече: „Остарев и напреднав во годините. 3 Вие бевте сведоци на сè што Господ, вашиот Бог, пред ваши очи, им направи на сите народи заради вас: Господ, вашиот Бог, се бореше за вас. 4 Видете, ви ги разделив вам со жрепка во наследство на вашите племиња сите народи што останаа, и сите оние народи што ги истребив од Јордан до Големото Море на запад. 5 Господ, вашиот Бог, сам ќе ги гони пред вас и ќе ги истера од пред вас, и ќе ја завладеете нивната земја, како што ви вети Господ, вашиот Бог. 6 И така, бидете постојани и сè поцврсти во тоа да го пазите и вршите сè тоа што е напишано во Книгата на Мојсеевиот Закон, и да не отстапете од тоа ни десно ни лево. 7 Не мешајте се со тие народи кои останаа меѓу вас; и не спомнувајте ги имињата на нивните богови ниту се колните во нив; не служете им и не клањајте им се. 8 Туку држете се до Господа, својот Бог, како што правевте до денес. 9 Господ, изгони од пред вас големи и силни народи, и никој до денес не можеше да устои пред вас. 10 Еден од вас тераше пред себе илјада зашто Господ, вашиот Бог, се бореше за вас, како што ви вети. 11 Внимателно пазете да го љубите Господа, вашиот Бог, зашто се работи за вашиот живот. 12 Зашто ако се одметнете и се долепите до остатокот на оние народи, кои останаа меѓу вас, и ако се поврзете со нив и се измешате со нив и тие со вас, 13 знајте добро дека Господ, вашиот Бог, ќе прекрати да ги гони тие народи од пред вас; тие ќе ви станат стапица и мрежа, ќе им бидат бич на вашите слабини и трње во вашите очи, сè додека не се иселите од оваа добра земја што ви ја дава Господ, вашиот Бог. 14 Еве, јас тргнувам денес на пат каде одат сите на земјата. Знајте и признајте со сето свое срце и со сета своја душа: ниедно од овие ветувања, кои ви ги даде Господ, вашиот Бог, нема да остане неисполнето. 15 И како што ви се исполнило секое ветување, што ви го даде Господ, вашиот Бог, така Господ, ќе ја исполни секоја закана додека не ве избрише од лицето на оваа добра земја, која ви ја даде Господ, вашиот Бог. 16 Ако го прекршите сојузот што Господ, вашиот Бог, го склучи со вас; ако им служите на други богови и им се клањате, ќе избувне Господовиот гнев против вас, и скоро ќе ве снема од добрата земја, која ви ја даде Господ.”
1 Потоа Исус ги собра сите Израелеви племиња во Сихем; и ги свика Израелевите старешини, главатарите, судиите и управителите нивни, и тие застанаа пред Господа. 2 Тогаш Исус му рече на целиот народ: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Некогаш вашите татковци, Тара, Аврамовиот и Нахоровиот татко, живееја од онаа страна на Реката и им служеа на другите богови. 3 Но Јас го зедов вашиот татко Авраам од онаа страна на Реката и го поминав низ сета Ханаанска Земја, му го намножив потомството и му го дадов Исака. 4 На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов гората Сир во сопственост. Јаков и неговите синови отидоа во Египет. 5 Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го удрив Египет со казните што ги направив во него, и тогаш ве изведов. 6 Ги изведов вашите татковци од Египет, и стигнаа на море; Египетците ги гонеа вашите татковци со бојни коли со коњаници сè до Црвеното Море. 7 Тогаш извикаа кон Господа, и тој развлече густа магла меѓу нив и Египетците и ги воведе во морето, што ги прекри. Видовте со своите очи што им сторив на Египетците; потоа останавте долго време во пустината. 8 После ве воведов во земјата на Аморејците, кои живеат отаде Јордан. Завојуваа со вас и Јас ги предадов во вашите раце; ја зедовте во наследство нивната земја, зашто Јас ги уништив од пред вас. 9 Тогаш се крена Моавскиот цар Валак, синот Сефоров, за да војува со Израел, и тој го повика Валаама, синот Веоров за да ве проколне. 10 Но Јас не бев волен да го послушам Валаама, и тој ве благослови, и ве спасив од неговата рака. 11 Тогаш поминавте преку Јордан и дојдовте во Ерихон, главатарите на Ерихон поведоа војна против вас - како и Аморејците, Ферезејците, Ханаанците, Хетејците, Гергесејците, Евејците и Евусејците - но Јас ги предадов во вашите раце. 12 Јас испратив пред вас стршели, кои тераа пред вас два аморејски цареви: нема што да им благодариш на својот меч ни на својот лак. 13 Ви дадов земја, за која не се трудевте, и градови, кои не ги градевте, и се населивте во нив; ви дадов и лозја и маслинови градини, што не ги садевте, а денес ве хранат.’ 14 И затоа сега бојте се од Господа и служете Му совршено и верно! Одстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господа! 15 Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.” 16 Народот одговри: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови. 17 Господ, нашиот Бог, нè изведе нас и нашите татковци од Египет, од домот на робувањето, и Тој направи пред наши очи големи чудеса и нè чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои поминувавме. 18 Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.” 19 Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови. 20 Ако Го оставите Господа за да им служите на туѓите богови, ќе се сврти против вас и ќе ве уништи, откако ви правеше добро.” 21 А народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа!” 22 На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.” Му одговорија: „Сведоци сме.” 23 ”И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.” 24 Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.” 25 Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем. 26 Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште. 27 Потоа Исус му рече на сиот народ: „Ете, овој камен нека ви биде сведок, зашто ги чу зборовите што ги зборуваше Господ; тој ќе биде сведок за да не Му затаите на својот Бог.” 28 Тогаш Исус го отпушти народот, секого во неговото наследство. 29 По овие настани почина Исус, Навиновиот син, Господов слуга, на возраст од сто и десет години. 30 Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Сарах, во Ефремовата Гора, северно од гората Гаш. 31 Израел му служеше на Господа во текот на целиот век на Исуса и во текот на целиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и кои ги видоа сите дела што ги направи Господ за Израел. 32 Јосифовите коски, што Израелевите синови ги донесоа со себе од Египет, ги закопаа во Сихем, во земјиштето што Јаков го имаше купено од синовите на Емор, Сихемовиот татко, за сто сребреници и што им припаднаа во наследство на Јосифовите синови. 33 Умре и Елеазар, синот Аронов, и го погребаа во Гибеа, што му припаѓаше на неговиот син Финес, а се наоѓаше во Ефремовата Гора.
1 После смртта на Исуса Израелевите синови Го прашаа Господа: „Кој од нас ќе тргне прв на Ханаанците за да се бори против нив?” 2 А Господ одговори: „Јуда нека отиде прв; ја предавам земјата во неговата рака.” 3 Тогаш Јуда му рече на брата си Симеона: „Дојди со мене во земјата што ми е доделена во наследство - ќе војуваме против Ханаанците, а потоа јас ќе се борам покрај тебе во твојата земја.” И Симеон отиде со него. 4 Јуда отиде, и Господ им ги предаде во рацете Ханаанците и Ферезејците, и погубија во Везек десет илјади луѓе. 5 Во Везек го најдоа Адони- Седек, удрија на него, и ги поразија Ханаанците и Ферезејците. 6 Кога Адони-Седек почна да бега, го гонеа, го фатија и му ги отсекоа палците на рацете и нозете. 7 Тогаш Адони-Седек рече: „Седумдесет цареви, со отсечени палци на рацете и на нозете, собираа трошки под мојот стол. Како што правев, така Бог ми враќа.” Го одведоа во Ерусалим, и таму умре. 8 Потоа Јудините синови војуваа против Ерусалим, го освоија, ги погубија со меч жителите и го изгореа градот. 9 После тоа Јудините синови тргнаа да се борат против Ханаанците, кои живееја во Горјето, во Негев и во Шефел. 10 И Јуда отиде против Ханаанците, кои живееја во Хеврон - на Хеврон некогаш името му беше Киријат Арва - и таму ги поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја. 11 Оттаму отиде против жителите на Давир, што некогаш беше викан Киријат-Сефер. 12 И Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дадам својата ќерка Ахса за жена.” 13 Го зазеде Готонил, син Кенезов, помалиот брат Халевов, и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена. 14 Кога му пријде на мажот, тој ја наговори да бара полиња од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?” 15 Таа му одговори: „Дај ми благослов! Кога ми даде крај во Негев, дај ми тогаш и некои извори.” И Халев и ги даде Горните и Долните Извори. 16 Синовите на Кенеецот Јотор, Мојсеевиот дедо, отидоа од Палминиот Град со Јудините синови во Јудината Пустина, што е во Негев, на југ од Арад. Таму се населија меѓу Амаликците. 17 Потоа Јуда отиде со братот Симеон и ги погубија Ханаанците кои живееја во Сефат, и го предадоа на „херем”, на проклетство. Заради тоа градот беше наречен Орма (Истребување). 18 Исто Јуда успеа да ги заземе: Газа со нејзиното подрачје, Аскалон со неговото подрачје и Акарон со неговото подрачје. 19 Господ беше со Јуда, па тој го освои Горјето, но не можеше да ги изгони оние во низината, зашто имаа железни коли. 20 Како што беше одредил Мојсеј, Хеврон му го дадоа на Халев, кој изгони оттаму три Енакови сина. 21 А Венијаминовите синови не успеаја да ги изгонат Евусејците, кои живееја во Ерусалим, и така Евусејците останаа во Ерусалим со Венијаминовите синови до денешен ден. 22 И Јосифовото племе тргна против Ветил, и Господ беше со нив. 23 И Јосифовото племе почна да го согледува Ветил. Градот беше викан некогаш Луз. 24 Согледувачите забележија човек како излегува од градот и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, па ќе ти бидеме милостиви.” 25 Тој им го покажа влезот во градот. И исекоа сè со меч во градот, а оној човек го пуштија да си отиде со сето негово семејство. 26 Човекот отиде во земјата на Хетејците, и таму изгради град и го нарече Луз. Така се вика уште и денес. 27 Манасиј не ги освои Вет-Сан и неговите села, ни Тахана и нејзините села. Не ги изгони ни жителите од Дора и од неговите села, ни жителите на Ивлеам и на неговите села, ни жителите на Мегида и на нејзините села. Така Ханаанците останаа и живееја во земјата. 28 Кога Израел зајакна, им наметна данок на Ханаанците, но не можеше да ги истера. 29 Ни Ефрем не ги истера Ханаанците, кои живееја во Гезер, така што тие Ханаанци живееја тука меѓу нив. 30 Завулон не ги истера жителите на Китрон ни жителите на Налол. Така Ханаанците останаа среде Завулоновите синови, но им беше наметнат данок. 31 Ни Асир не ги изгони жителите на Акон, ни жителите на Сидон, ни оние од Алав, ни од Ахазив, ни од Халва, ни од Афика, ни од Реова. 32 Така Асирците останаа меѓу Ханаанците, жителите на таа земја, зашто не ги истераа. 33 И Нефталим не ги изгони жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат, туку живееше меѓу Ханаанците кои ја населуваа таа земја, ама им наметнаа данок на жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат. 34 Аморејците ги истиснаа Дановите синови во гората, и не ги пуштаа да слезат во рамницата. 35 Аморејците се задржаа во гората Ерес, во Ајалон и во Салвим, но кога зајакна раката на Јосифовиот дом, им беше наметнат данок. 36 Подрачјето на Едомците се простира од Акравимското Нагорниште, до Стената и нагоре.
1 Господов ангел дојде од Галгал во Бохиме и рече: „Ве изведов од Египет и ве доведов во земјата што ви ја ветив, заколнувајќи им се на вашите татковци. Реков: ‘Нема да го раскинам Мојот Завет со вас довека. 2 А вие не склучувајте сојуз со жителите на оваа земја; туку разурнувајте ги нивните жртвеници!’ Но вие не го послушавте Мојот глас. Што направивте! 3 Затоа ви велам: ‘Не ќе ги изгонам пред вас. Туку, тие ќе ве угнетуваат, и нивните богови ќе ви бидат стапица.’” 4 Кога Господовиот ангел им ги кажа тие зборови на сите Израелци, народот извика гласно и заплака. 5 И така, тоа место го нарекоа Бохим, и таму Му принесоа жртви на Господа. 6 Кога Исус го распушти народот, Израелевите синови се разотидоа секој во своето наследство, за да ја земат во сопственост земјата. 7 Народот Му служеше на Господа во текот на сиот Исусов век и во текот на сиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел. 8 Исус, Навиновиот син, Господов слуга, умре на возраст од сто и десет години. 9 Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Арес, во Ефремовата Гора, северно од планината Гаш. 10 А кога сето она поколение им се придружи на своите татковци, го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни за делата што ги направил за Израел. 11 Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеа на Ваалите. 12 Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа. 13 Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта. 14 Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват. 15 Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја. 16 Тогаш Господ почна да им издига судии, за да ги избавуваат од рацете на оние што ги ограбуваа. 17 Но тие не ги слушаа ни своите судии, туку изневеруваа со други богови и им се поклонуваа. Бргу се отклонија од патот по кој одеа нивните татковци слушајќи ги Господовите заповеди; тие не правеа така. 18 Кога им воздигаше судии, Господ беше со секој судија па ги избавуваше од рацете на нивните непријатели во текот на сиот век на судијата, зашто Му беше жал на Господа колку воздивнуваа под јаремот на оние кои ги угнетуваа. 19 А кога ќе умреше судијата, тие пак паѓаа во поголема расипаност отколку нивните татковци. Одеа по други богови, им служеа и им се поклонуваа, не отстапувајќи од своите опаки дела и постапки. 20 Тогаш Господ пламна со гнев против Израел и рече: „Затоа што овој народ го престапи Мојот Завет, што Јас го воспоставив со нивните татковци, и не го послушаа Мојот глас, 21 ни Јас отсега нема да изгонам пред нив ниеден од народите што Исус ги остави по својата смрт,” - 22 за да го стави со нив на искушение Израел: дали ќе ги пазат или не Господовите патишта, како што ги пазеа нивните татковци. 23 Затоа Господ ги остави тие народи, и не ги изгони веднаш ниту ги предаде во рацете на Исуса.
1 Ова се народите што Господ ги остави, за да ги испита со нив Израелевите синови, сите оние што не ги знаеја Ханаанските војни. 2 Тоа беше само во полза на поколенијата на Израелевите синови, за да ја научат вештината на војување - барем оние што не ги знаеја поранешните војни: 3 останаа пет филистејски кнезови и сите Ханаанци, Сидонци и Евејци, кои живееја на гората Ливанова, од гората Вал-Ермон до влезот во Емат. 4 Тие послужија за да биде проверен Израел: за да се види дали ќе ги пази заповедите на Господа, што Господ им ги даде на нивните татковци преку Мојсеја. 5 Така Израелците живееја среде Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците; 6 се женеа со нивните ќерки и им ги даваа своите ќерки за нивните синови и им служеа на нивните богови. 7 И Израелевите синови правеа она што не му беше по волја на Господа. Го заборавија Господа, својот Бог, за да им служат на Ваал и на астартите. 8 Тогаш Господ пламна со гнев на Израел, и ги предаде во рацете на Хусан-Рисатаим, едомски цар, и му служеа на Хусан-Рисатаим осум години. 9 Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им воздигна избавител, Готонил,Кенезовиот син, помлад Халевов брат, за да ги ослободи. 10 Господовиот Дух слезе на него, и тој му стана судија на Израел. И го поведе Израел во бој. Господ му го предаде во рацете Хусан-Рисатаим, едомскиот цар, и тој го победи Хусан-Рисатаима. 11 Оттогаш земјата беше во мир четириесет години. И почина Готонил, Кенезовиот син. 12 Израелците почнаа пак да прават она што е зло во Господовите очи. Затоа Господ му даде на Еглон, моавскиот цар, сила над Израел, зашто правеа што е зло пред Господа. 13 Еглон се обедини со Амоновите и со Амаликовите синови, тргна против Израел,го порази и го освои Палминиот Град. 14 Израелевите синови му служеа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години. 15 Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им подигна избавител - Аод, син на Гира од Венијаминовото племе, човек кој беше левичар. И го испратија Израелците да му однесе данок на Еглона, моавскиот цар. 16 А Аод си направи меч со две острила, долг еден лакот, и го опаша под облеката покрај десното бедро, 17 И го однесе данокот на Еглона, моавскиот цар. Еглон беше многу дебел. 18 Откако го предаде данокот, Аод си отиде со луѓето, кои го беа донесле данокот. 19 Но кога дојде до извајаниот кип во близина на Галгал, се врати и рече: „Цару, имам да ти кажам една тајна!” Царот му одговори: „Тивко!” И сите што беа покрај него излегоа. 20 Аод влезе. Царот седеше во ладната горница; беше сам. Аод му рече: „Цару, имам за тебе слово од Бога!” Тој веднаш стана од престолот. 21 Тогаш Аод го истрга со левата рака мечот од десното бедро и му ја прободе утробата. 22 Целата рака влезе со сечилото, и салото се склопи над острилото, зашто Аод не можеше да го извлече сечилото од утробата. Оттаму излезе нечистота. 23 Аод си отиде низ тремот; зад себе ја затвори вратата на горната соба и ја заклучи. 24 Кога тој си отиде, слугите се вратија за да погледаат. Бидејќи вратата на горната соба беше заклучена, рекоа: „Без сомнение отиде настрана, во клетот до ладната соба.” 25 Го чекаа долго време, со двоумење, зашто тој не ја отвори вратата на горницата. Најпосле зедоа клуч и отворија: нивниот господар лежеше на земјата, мртов. 26 Додека тие чекаа, Аод избега, ги замина веќе вајаните кипови и се засолна во Сеирот. 27 Штом дојде во Израелевата Земја, затруби во рог на Ефремовата Гора; и Израелевите синови слегоа со него од гората, а тој им стоеше на чело. 28 И им рече: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашитенепријатели.” Тие тргнаа по него, им го затворија на Моавците патот преку бродовите на Јордан и не оставија никого да премине. 29 Погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сè крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега. 30 Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години. 31 По него беше Самегар, синот Анатов. Тој погуби шест стотини Филистејци со воловски остен. Така и тој го избави Израел.
1 По смртта на Аод, Израелевите синови пак почнаа да прават што не Му беше на Господа по волја, 2 и Господ ги предаде во рацете на Јавин, ханаанскиот цар кој владееше во Асор.Воен началник на неговата војска беше Сисара, кој живееше во незнабожечкиот Аросет. 3 Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа. Зашто Јавин имаше шест стотини железни бојни коли, и тешко ги угнетуваше Израелците дваесет години. 4 Во тоа време на Израел му судеше пророчицата Девора, жената Лафидотова. 5 Живееше под Деворината Палма меѓу Рама и Ветил во Ефремовата Гора, и Израелците доаѓаа кај неа за да им пресудува во нивните спорови. 6 Таа го повика Варака, синот Авинеемов, од Нефталимовиот Кадес, и му рече: „Еве што ти заповеда Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди, тргни на гората Тавор и земи со себе десет илјади луѓе од Нефталимовите и Завулоновите синови. 7 Јас ќе го привлечам кон тебе, на Кисонскиот Поток, Сисара, војсководачот на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со сите војници, па ќе ги предадам во твоите раце.’” 8 Варак и одговори: „Ако дојдеш ти со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, не одам.” 9 ”Идам со тебе - му рече таа - но на патот по кој ќе тргнеш славата не ќе ти припадне тебе, зашто Господ ќе го предаде Сисара во раце на жена.” Тогаш Девора стана и тргна со Варака во Кадес. 10 Онаму Варак ги повика Завулона и Нефталима. Десет илјади луѓе тргнаа со него, а и Девора одеше со нив. 11 Кенеецот Хевер беше се одвоил од Кенеј, еден од синовите на Овав, Мојсеевиот дедо; го оптегна својот шатор кај Дабот во Занаим, недалеку од Кадес. 12 Му јавија на Сисара дека Варак, синот Авинеемов, излегол на гората Тавор. 13 Сисара ги собра сите свои бојни коли, девет стотини железни коли, и сите луѓе што ги доведе од незнабожечкиот Аросет до Кисонскиот Поток. 14 Девора му рече на Варака: „Стани, еве го денот кога Господ ќе го предаде Сисара во твои раце! Самиот Господ оди пред тебе!” И Варак слезе од гората Таворсо десет илјади луѓе со себе. 15 Господ ги заплаши Сисара, сите негови бојни коли и целата негова војска, која почна да бега пред Вараковиот меч. Сисара слезе од својата кола и избега пеш. 16 Варак ги гонеше колите и војската сè до незнабожечкиот Аросет. Сета Сисерина војска падна од остар меч, и ниеден човек не избега. 17 Дотогаш Сисара бегаше пеш кон шаторот на Јаила, жената на Кенеецот Хевер, зашто меѓу Јавин, асорскиот цар, и куќата на Кенеецот Хевер беше мир. 18 Јаила му излезе во пресрет на Сисара и му рече: „Застани, господару, дојди кај мене. Не бој се од ништо!” Тој се врати кај неа под шаторот, а таа го покри со покривка. 19 Тој и рече: „Дај ми малку вода, зашто сум жеден.” Таа отвори мев со млеко, го напои и пак го покри. 20 ”Застани при влезот на шаторот - и рече тој, - па ако некој намине и те праша: ‘Дали има некој?’ ти одговори: ‘Нема!’ 21 А Јаила, Хеверовата жена, го зеде шаторскиот кол и чук во рацете, му се приближи тивко и му го прикова колот низ слепоочниците така што се закачи во земјата. Тој беше заспал цврсто од исцрпеност, и така умре. 22 И ете, дојде Варак гонејќи го Сисара. Јаила излезе пред него и му рече: „Дојди да ти го покажам човекот кого го бараш.” Тој влезе при неа, и ете - Сисара лежеше мртов, со кол низ слепоочниците. 23 Така Господ го покори, во оној ден, Јавина, ханаанскиот цар, пред Израелците. 24 Раката на Израелевите синови стануваше сè потешка над Јавина, ханаанскиот цар, додека најпосле не го истреби ханаанскиот цар.
1 Во тој ден Девора и Варак, синот Авиноамов, ја запеаја оваа песна: 2 ”Борбено ги растурија коските израелските борци; и народот тргна доброволно: Благословувајте Го Господа!” 3 ”Чујте, о цареви! Послушајте, кнезови! Јас му пеам песна на Господа, јас Го славам Господа, Израелевиот Бог.” 4 ”Господи, кога слегуваш од Сир, кога чекореше победнички низ Едомските Полиња, сета земја се тресеше, небесата лееја, облаците врнеа со дожд. 5 Горите се тресеа пред Тебе, о Господи, самиот Синај од присуството на Господа, Израелевиот Бог!” 6 ”Во деновите на Самегар, синот Анатов, во деновите на Јаила запустеа патиштата; и оние кои што патуваа, обиколуваа наоколу. 7 Водачите престанаа во Израел, престанаа додека не станав јас, Девора, додека не станав како мајка на Израел. 8 Си избраа туѓи богови и затоа војната им застана пред вратата. За пет градови немаше ни еден штит! Ниеден цар за четириесет илјади во Израел! 9 Моето срце чука за израелските водачи, за народот што доброволно тргнува во бој! Благословувајте Го Господа!” 10 ”Вие, кои јавате на бели ослици, седејќи на меки постелки, и вие кои одите по патиштата, пејте, 11 покрај извиците на развеселените пастири кај поилата. Нека бидат славени Господовите добротворства и Неговото владеење со Израел! И Господовиот народ слезе на вратата.” 12 ”Разбуди се, Деворо, стани! Стани, запеј песна! Храбро, стани, Вараку, води ги во робје своите поробувачи, сине Авиноамов!” 13 ”Тогаш слезе остатокот од луѓето против благородните: Господ слезе со мене против крепките. 14 Од Ефрема затекоа кон долината, по нив, Венијамин стигна меѓу твоите. Од Махир настапуваат началниците, од Завулон оние што носат заповеднички жезал. 15 Исахаровите кнезови беа со Девора, и Исахар, исто, тргна со Варака, побрза да го стигне во долината. Кај Рувимовите Потоци се советуваат долго. 16 Зошто остана меѓу трлата за да ги слушаш блеењата на стадата? Кај Рувимовите Потоци се советуваа долго. 17 Галад мируваше отаде Јордан. А зошто е Дан на туѓински бродови? Зошто Асир седи на брегот на морето? и мируваше во своите пристаништа? 18 Завулон е народ што и ја вети душата на смртта, и Нефталим на висорамнините.” 19 ”Дојдоа цареви, војуваа, бој водеа ханаанските цареви, во Танаха, во Мегидската Вода, но не добија ни малку сребро. 20 Од небесните врвици војуваа, војуваа ѕвездите против Сисара. 21 Потокот Кисон ги одвлече, потокот Кедумим, поток Кисон. Цврсто гази, моја душо! 22 Тогаш се кршеа коњските копита, од трчањето, од трчањето на јунаците. 23 ’Проколнете го Мироз, - рече Господовиот Ангел, - проколнете ги, проколнете ги, неговите жители, зашто не Му дојдоа на помош на Господа, на помош на Господа со храбрите.’” 24 ”Благословена да е меѓу жените Јаила, жената на Кенеецот Хевер, нека биде славена меѓу жените во шаторите! 25 Тој побара вода, таа му даде млеко, во скапоцена чинија му даде кравја маст. 26 Со левата рака посегна по колот, а со десната по ковачкиот чук. Го удри Сисара, му ја расцепи главата, му ја продупчи, му ја скрши слепоочницата. 27 падна до нозете, се одвали, легна, и падна до нозете, се сруши; и каде падна, остана мртов.” 28 ”Низ прозорец гледа Сисарината мајка, низ прозорец наѕира, до решетката вика: ‘Колесницата не му се враќа долго: зошто им е толку бавна запрегата?’ 29 Најмудрата дворјанка и зборува, сама себе си одговара: 30 ’Плен најдоа па го делат: по девица на војник, по девица и по две, пленета разнобојна облека за Сисара, везена од двете страни, симната од плеќи на пленик!’” 31 ”Господи, така нека гинат сите Твои непријатели! А оние кои Те љубат нека бидат, како сонце, кога изгрева со сета своја сила!”
1 Пак Израелевите синови правеа што е зло во Господовите очи; и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години. 2 Тешка беше раката на Мадијамците над Израел. За да им избегаат на Мадијамците, Израелците се засолнуваа во горските пукнатини, пештери и засолништа. 3 И кога Израелците ќе посееја, Мадијамците и Амаличаните и синовите на Исток доаѓаа против нив. 4 Откако ќе се настанеа на нивната земја, го уништуваа родот на земјата сè до Газа. Не му оставаа на Израел за да се прехрани ни овца ни коза, ни вол ни осле, 5 зашто доаѓаа со своите стада и со своите шатори во толкаво множество како скакулци; и тие и нивните камили беа безбројни; и одеа по Израелевата Земја за да ја запустат. 6 Така Мадијамците го фрлија Израел во голема беда, па Израелците извикаа кон Господа. 7 Кога Израелевите синови извикаа кон Господа заради Мадијамците, 8 Господ им испрати на Израелците пророк, кој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас ве изведов од Египет, ве избавив од Домот на Ропството. 9 Јас ве ослободив од рацете на Египетците и од рацете на вашите угнетувачи. Ги изгонив пред вас, ви ја дадов нивната земја, 10 и ви реков: „Јас сум Господ, ваш Бог. Не почитувајте ги боговите на Аморејците, во чија земја живеете. Но вие не го послушавте Мојот глас.” 11 Господов Ангел дојде и седна под дабот при Офра, што му припаѓаше на Јоас Авиезеров. Неговиот син Гедеон чукаше жито на гумното, за да го запази од Мадијамците. 12 И му се јави Господов Ангел и му рече: „Господ со тебе, храбар јунаку!” 13 Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нè најде сè ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нè изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нè остави, нè остави во рацете на Мадијамците.” 14 Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.” 15 ”Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.” 16 Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.” 17 Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене. 18 Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.” А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.” 19 Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сè тоа под дабот. 20 Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.” Тој направи така. 21 Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи. 22 А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!” 23 Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!” 24 Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).” Тој стои до денес во Авиезеровата Офра. 25 Во истата ноќ Господ му рече: „Земи од татка си згоен јунец, седумгодишен јунец, и разурни го Вааловиот жртвеник, и исечи ги Ашерите покрај него. 26 Потоа подигни Му жртвеник на Господа, твојот Бог, на врвот на таа горска стена и уреди го добро. Земи го јунецот и принеси паленица на дрвата на Ашерите што ќе ги исечеш во горичката.” 27 Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му заповеда Господ. Но бидејќи се плашеше од своето семејство и од граѓаните - го направи тоа ноќе. 28 Кога граѓаните поранија утреден - а тоа: разурнат Вааловиот жртвеник и исечени Ашерите покрај него, а јунец жртвуван како паленица на нов олтар. 29 И се прашуваа едни други: „Кој го направи тоа?” Испитаа, истражија па рекоа: „Гедеон, Јоасовиот син, го направи тоа.” 30 Тогаш граѓаните му рекоа на Јоас: „Изведи го синот за да умре, зашто го разурна Вааловиот жртвеник и ги исече Ашерите покрај него.” 31 Јоас им одговори на сите кои стоеја околу него: „Зар вие ќе го браните Ваала? Зар вие ќе го спасувате? Кој го брани Ваала ќе биде погубен пред утрешниот ден. Ако е тој бог, нека се брани самиот од Гедеона, зашто му го разурнал жртвеникот.” 32 Во тој ден го нарекоа Гедеона: Јеровал, зашто се зборуваше: „Самиот Ваал нека се пресмета со него, зашто му го разурна жртвеникот.” 33 Сите Мадијамци, Амаликци и синовите на Исток се собраа, и откако го поминаа Јордан, се влогорија во Езраелската Долина. 34 Господовиот Дух го укрепи Гедеона, и тој затруби во рог, и Авиезеровиот род застана зад него. 35 Тој испрати гласници низ целото Манасиево племе, па и тие застанаа зад него. Испрати вестители и во племето Асирово, Завулоново и Нефталимово, па и тие им тргнаа во пресрет. 36 Гедеон Му рече на Бога: „Ако навистина сакаш да го ослободиш Израел со мојата рака, како што вети, 37 еве ќе сложам овчо руно на гумно: ако има роса само на руното, а ако земјата остане сува, тогаш ќе знам дека со мојата рака ќе го избавиш Израел, како што вети.” 38 И бидна така. Гедеон порани утреден па исцеди роса од руното - полна кофа вода. 39 Пак Гедеон Му рече на Бога: „Не разгневувај се на мене, дека ќе Ти проговорам уште еднаш. Дозволи ми уште овој пат да се обидам со руното: само руното нека биде суво, а росата нека биде по сета земја!” 40 И Бог направи така во онаа ноќ: само руното остана суво, а росата падна по сета земја.
1 Порани Јеровал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, и се влогорија кај изворот Арод, а логорот на Мадијамците се наоѓаше на север од неговиот, во подножјето на брегот Море, во долината. 2 Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Премногу народ е со тебе, а за да ги предадам Мадијамците во нивните раце, зашто Израел би можел да се возгордее пред Мене и да рече: ‘Сопствената рака ме избави.’ 3 Затоа разгласи за да чуе народот: ‘Кој се бои и стравува, нека се врати од Галадската Гора.’” Гедеон ги испита: дваесет и две илјади луѓе од народот се вратија, а останаа десет илјади. 4 Господ му рече на Гедеона: „Уште е премногу народ. Поведи ги на вода, и таму ќе ги испитам. За кого ќе ти речам: ‘Нека оди со тебе,’ тој ќе дојде со тебе. А за кого ќе ти речам: ‘Нека не иде со тебе,’ тој не ќе дојде.” 5 Гедеон го поведе народот на вода, и Господ му рече: „Кој ќе лока вода со јазикот како што лока кучето, оддели го настрана, кој ќе клекне да пие, одвои го на другата страна.” 6 Оние што локаа вода со јазикот од раката, принесена до устата, беа триста, а сиот друг народ клекна за да пие. 7 Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Со оние триста луѓе, кои локаа вода, Јас ќе ве избавам, и ќе ги предадам Мадијамците во вашите раце. Сите други нека се вратат, секој во своето место.” 8 И тогаш тие ги зедоа од луѓето храната и роговите за трубење, а Гедеон ги отпушти Израелците, секој во неговиот шатор; ги задржа само оние три стотини мажи. А логорот на Мадијамците беше подолу од него, во долината. 9 Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, нападни го логорот, зашто ти го предавам во рацете. 10 Ако се боиш да нападнеш, најнапред слези во логорот со твојот слуга Фура; 11 слушај што зборуваат; ќе се охрабриш и ќе го нападнеш логорот.” Тој слезе со својот слуга Фура до првите стражари на логорот. 12 Мадијамците, Амаликците и сите синови на Исток се расположија по долината, многубројни како скакулци; безбројни беа нивните камили, како песок на брегот на морето. 13 Кога Гедеон дојде, а тоа еден точно му раскажуваше на својот другар што сонувал: „Сонував како погача јачменов леб се тркала во мадијамскиот логор: се дотркала до еден шатор и го погоди, а шаторот падна, се преврти.” 14 А другиот му одговори: „Не е тоа друго туку мечот на Гедеона, синот Јоасов, Израелец. Бог му ги предаде во рацете Мадијамците и сиот логор.” 15 Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.” 16 Тогаш Гедеон ги подели своите триста луѓе во три одреди. На секој човек му даде во раката рог за трубење, празна врчва и запалена борина во врчвата: 17 ”Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас! 18 Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’” 19 Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете. 20 Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!” 21 И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат. 22 Додека оние три стотини трубеа во роговите, Господ направи па тие во логорот го свртија мечот еден против друг. И сета војска се разбега до Вет-Асет, кон Зерерат, до Авел-Меолскиот Брег кај Тават. 23 А Израелците од коленото Нефталимово и Асирово и од сето Манасиево колено се собраа и ги подгонија Мадијамците. 24 Гедеон испрати вестители по целата Ефремова Гора да зборуваат: „Слезете пред Мадијамците и заземете ги пред нив сите градови до Вет-Вара и до Јордан.” Сите луѓе од Ефремовото племе се одѕваа и ги зазедоа бродовите на водата до Вет-Вара и до Јордан. 25 И фатија два мадијамски кнеза, Орива и Зива; Орива го убија на Сур-Орива (Оривовата Стена), а Зива кај Јакев-Зива (Зивова Теснина). Ги гонеа Мадијамците и му ги донесоа на Гедеон главите на Орива и Зива оттаде Јордан.
1 Тогаш Ефремовите луѓе му рекоа на Гедеона: „Како постапи со нас: не нè повика кога тргна во бој против Мадијамците?” И му приговорија жестоко. 2 Тој им одговори: „Па што сум направил јас кога ќе се споредам со вас? Не е ли Ефремовото дособирање подобро од Авиезеровиот гроздобер? 3 Господ ги предаде во вашите раце мадијамските кнезови Орива и Зива. Може ли да се споредува моето дело со она што го направивте вие?” На тие зборови стивна нивниот гнев против него. 4 Кога Гедеон дојде до Јордан, го помина, но тој и трите стотини луѓе, со него, беа изнемоштени и гладни. 5 Затоа им рече на луѓето од Сокхот: „Дајте им леб на луѓето кои одат по мене, изнемоштени се. Јас ги гонам Зевеја и Салмана, мадијамските цареви.” 6 Но сокхотските главатари му одговорија: „Зар Зевеевата и Салмоновата рака веќе се во твојата рака, за да и дадеме леб на твојата војска?” 7 Гедеон им рече: „Добро! Кога Господ ќе ми ги предаде во рацете Зевеја и Салмана, ќе ви го раскинам телото со трње и со пустински глогови.” 8 Оттаму отиде во Фануил и побара исто од Фануилците, а тие му одговорија како што му одговорија и Сокхотците. 9 Тој им се закани и на Фануилците: „Кога ќе се вратам како победник, ќе ви ја разрушам оваа кула.” 10 Зевеј и Салман беа во Каркор, и нивната војска со нив, околу петнаесет илјади луѓе, што беа оставени од војската на синовите на Исток; сто и дваесет илјади војници паднаа. 11 Гедеон тргна по патот на оние што живеат под шатори, источно од Нова и Јогвеја, па ја порази војската што стоеше безгрижно. 12 Зевеј и Салман избегаа. Тој ги подгони и ги фати двата мадијамски цареви, Зевеј и Салман. А сета војска им ја уништи. 13 По битката Гедеон, синот Јоасов, се врати од војна преку Хереската Нагорница. 14 И фати еден млад човек од Сокхот па почна да го распрашува; а тој му ги напиша имињата на сокхотските кнезови и старешини, седумдесет и седум луѓе. 15 Потоа Гедеон отиде кај Сокхотците и рече: „Еве ги Зевеј и Салман заради кои ми се потсмевнувавте мене, велејќи: ‘Дали се Зевеевата и Салмоновата рака веќе во твојата рака па да им дадеме леб на твоите изнемоштени луѓе?’” 16 Ги фати градските старешини, набра пустински трња и глогови, и ги казни со нив Сокхотците. 17 Ја разурна Фануилската Кула и ги погуби жителите. 18 Тогаш им рече на Зевеј и Салман: „Какви беа луѓето кои ги погубивте на Тавор?” „Личеа на тебе, - одговорија. - Секој беше како царски син.” 19 ”Тоа беа мои браќа, синови на мајка ми - рече Гедеон - Господ е жив! Ако ги оставевте во живот, јас не би ве убил.” 20 Потоа му заповеда на својот првенец Етер: „Стани, погуби ги!” Но детето не извлече меч: се боеше, уште беше младо. 21 Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани ти и нападни нè зашто каков е човекот, таква му е и силата.” И откако стана, Гедеон ги погуби Зевеја и Салмана, и ги зеде месечинките украси што висеа на вратот на нивните камили. 22 Израелците му рекоа на Гедеона: „Владеј над нас, ти и твојот син и твојот внук, зашто ти нè избави од Мадијамците.” 23 Но Гедеон им одговори: „Не, не сакам да владеам над вас, а ни мојот син; Господ ќе биде ваш владетел.” 24 Уште им рече Гедеон: „Само едно барам од вас: секој да ми го даде прстенот од својот плен.” Победените носеа златни прстења, зашто беа Исмаилци. 25 ”Со радост”, одговорија тие. Тогаш тој го распростре својот плашт, и секој од нив фрли по прстен од својот плен. 26 Тежината на златните прстења што ги побара изнесуваше илјада и седум стотини златни сикли; освен месечињата, наушниците и облеките од црвено сукно што ги носеа мадијамските цареви, и освен веришките што беа околу вратот на нивните камили. 27 Гедеон направи од тоа ефод и го постави во својот град Офра. И сиот Израел блудно одеше таму по него; и тоа им беше стапица на Гедеона и на неговиот дом. 28 Така Мадијамците беа покорени под Израелците. Веќе не ја креваа главата, и земјата беше мирна четириесет години, додека живееше Гедеон. 29 Јеровал, синот Јоасов, отиде и живееше во својата куќа. 30 Гедеон имаше седумдесет синови, кои потекнуваа од него, зашто имаше многу жени. 31 Неговата наложница, која што живееше во Сихем, му роди син, кому му го даде името Авимелех. 32 Гедеон, синот Јоасов, умре во длабока старост; го погребаа во гробот на татка му Јоас во Авиезерова Офра. 33 По Гедеоновата смрт, Израелците пак почнаа да одат блудно по вааловците, па си го поставија за бог Ваал-Верит. 34 Израелците веќе не си спомнуваа за Господа, својот Бог, кој ги избави од рацете на сите нивни непријатели наоколу. 35 И не му искажуваа благодарност на домот на Јеровал, Гедеон, за доброто што му го направи на Израел.
1 Авимелех, синот Јеровалов отиде во Сихем при браќата на мајка си и им рече ним и на сиот дом на својата мајка: 2 „Прашајте ги сите сихемски граѓани: ‘Што ви е подобро, над вас да владеат седумдесет луѓе, сите Јеровалови синови, или еден човек?’ Спомнете си дека јас сум од вашето тело и од вашите коски!” 3 Браќата на неговата мајка им го пренесоа тоа на другите сихемски граѓани, и нивното срце се приклони кон Авимелеха, зашто зборуваа: „Наш брат е!” 4 И му дадоа седумдесет сикли сребро од храмот Вал- Веритов; со тоа Авимелех најми расипаници и ништожници, кои тргнаа по него. 5 Тогаш дојде во домот на татка си во Офра, и ги погуби своите браќа, Јероваловите синови, седумдесет луѓе, на еден камен. Му избега само Јотам, најмладиот Јеровалов син, зашто се беше скрил. 6 Тогаш се собраа сите сихемски граѓани и сиот Милов дом па го поставија Авимелеха за цар кај дабот што стои во Сихем. 7 Кога му раскажаа за тоа на Јотам, тој отиде и застана на врвот на гората Гаризин и им извика со сиот глас: „Чујте ме сихемски жители, и Бог ќе ве послуша вас! 8 Еднаш тргнале дрвата за да помазат цар кој ќе владее над нив. Па и рекоа на маслинката: ‘Биди ни цар!’ 9 Маслинката им одговори: ‘Зар да се одречам од своето масло, што им е на чест на Бог и на луѓето за да владеам над другите дрва?’ 10 Тогаш дрвата и рекоа на смоквата: ‘Дојди, биди ни цар!’ 11 Смоквата им одговори: ‘Зар да се откажам од слаткоста и од својот красен плод за да владеам над другите дрва?’ 12 Тогаш дрвата и рекоа на лозата: ‘Дојди, биди ни цар!’ 13 Лозата им одговори: ‘Зар да се одречам од виното што ги весели Бог и луѓето за да владеам над другите дрва?’ 14 Тогаш сите дрва му рекоа на трнот: ‘Дојди, биди ни цар!’ 15 А трнот им одговори на дрвата: ‘Ако навистина сакате да ме помажете за цар засолнете се под мојата сенка; ако не сакате, оган ќе пламне од трнот и ќе ги изгори сите ливански кедри.’” 16 ”И така, дали постапивте според вистината и правдата кога го избравте Авимелеха за цар? Дали се однесовте добро кон Јеровоал и кон неговиот дом? Дали му возвративте за делата што ги направи за вас? 17 Мојот татко се бореше за вас, изложувајќи го својот живот, па ве избави од рацете на Мадијамците, 18 а вие денес станавте против домот на татка ми; ги погубивте неговите синови - седумдесет луѓе на ист камен, и го направивте цар, нас жителите на Сихем, Авимелех, синот на неговата робинка, затоа што е ваш брат! 19 Ако денес постапевте според вистината и според правдата со Јеровоал и со неговиот дом, радувајте се со Авимелеха, а тој нека се радува со вас! 20 Ако не - оган нека излезе од Авимелеха и нека ги изгори жителите на Сихем и сиот Бет-Мило (Дом на Мило), и нека излезе оган од граѓаните на Сихем и од Миловиот дом и нека го изгори Авимелеха!” 21 Тогаш Јотам избега, се засолна и дојде во Вир, и остана таму, зашто се боеше од брата си Авимелеха. 22 Авимелех царуваше над Израел три години. 23 Тогаш Господ испрати дух на раздор меѓу Авимелеха и сихемските жители, и сихемските граѓани се побунија против Авимелеха, 24 за да биде одмазден, на тој начин, злосторот направен над седумдесетте Јеровалови синови и за да падне нивната крв на нивниот брат Авимелех, кој ги погуби, и на жителите на Сихем, кои му помогнаа да ги убие браќата. 25 Сакајќи да му напакостат, сихемските жители поставија заседи по планинските врвови и го ограбуваа секого, кој би поминал покрај нив по оној пат. Му го јавија тоа на Авимелеха. 26 Гал, синот Еведов, дојде со своите браќа и се насели во Сихем; а сихемските жители имаа доверба во него. 27 Откако отидоа во полето, во своите лозја, собираа грозје и го газеа, а потоа почнаа со веселба; влегоа во храмот на својот бог, јадеа, пиеја и го проколнуваа Авимелеха. 28 А Гал, синот Еведов, извика: „Кој е Авимелех за да му служиме? Зар не би требало Јероваловиот син и неговиот заменик Зевул да им служат на луѓето на Емор, Сихемовиот татко? Зошто ние да му служиме нему? 29 О, кога би го имал овој народ во својата рака, би го протерал Авимелеха и би му рекол: ‘Зголеми ја својата војска и излези во бој!’” 30 А кога градскиот началник, Зевул, научи што зборувал Гал, синот Еведов, се разгневи. 31 Им испрати гласници на Авимелех и на Арум и им порача: „Еве, Гал, синот Еведов, дојде во Сихем, со своите браќа, и ги бунтува граѓаните против тебе. 32 Затоа стани ноќе, ти и народот што е со тебе, и застани во заседа во полето. 33 А наутро, кога ќе изгрее сонцето, стани и удри на градот. Кога Гал и неговите луѓе ќе излезат пред тебе, ти направи со нив како што ќе можеш со твојата рака.” 34 Авимелех стана ноќе, со сите свои луѓе, и постави заседа околу Сихем во четири одреди. 35 Кога Гал, синот Еведов, излезе пред градската врата и застана, Авимелех и неговите луѓе се појавија од заседата. 36 Гал ги здогледа луѓето и му рече на Зевула: „Ене слегуваат луѓе од горските врвови.” А Зевул му одговори: „Од сенките на планинските врвови ти се причинуваат луѓе.” 37 Гал проговори пак: „Ене слегуваат луѓе од возвишението, а една чета доаѓа по патот од дубравата Меоним.” 38 Тогаш Зевул му рече: „Каде ти е сега јазикот? Па ти зборуваше: ‘Кој е Авимелех за да му служиме?’ Не се ли онаму луѓето што ти ги презре? Излези сега и биј се со Авимелех!” 39 И Гал излезе на чело на сихемските жители и се судри со Авимелех. 40 Авимелех го подгони Гала, и тој побегна пред него; и многу негови луѓе паднаа убиени, до самата градска врата. 41 Авимелех тогаш се врати во Арума, а Зевул ги истера Гала и неговите браќа, за да не живеат во Сихем. 42 Утреден народот излезе во поле, и му го соопштија тоа на Авимелех. 43 Тој ја зеде својата војска, ја подели во три одреди и постави заседа во полето. Кога ќе видеше како луѓето излегуваат од градот, се нафрлаше врз нив и ги погубуваше. 44 Додека Авимелех, со својот одред, удираше кај градската врата, другите два одреди се нафрлија врз оние кои беа во полето, и така ги погубија. 45 Авимелех го опсадуваше градот цел ден. Откако го зазеде, ги погуби сите жители; го разурна градот и посеа сол по него. 46 Кога го чуја тоа господарите на Мигдал Сихем, влегоа сите во утврдениот простор на храмот Вал-Верит. 47 Кога Авимелех научи дека сите жители на Мигдал-Сихем се собрале таму, 48 се искачи на Салмонската Гора со сета своја војска. Откако зеде секира во раката, отсече гранка од дрво, ја крена и ја стави на рамото. А на луѓето им заповеда: „Што видовте дека направив јас, направете брзо и вие.” 49 И сите луѓе пресекоа по гранка за себе, а потоа тргнаа по Авимелеха, ги нафрлија гранките пред тврдината и ја запалија со оган со нивна помош. Така умреа сите луѓе на Мигдал Сихем (Сихемска Тврдина), околу илјада мажи и жени. 50 Потоа Авимелех тргна против Тевес, го опседна и го освои. 51 Таму имаше, среде град, стражарница, каде се засолнаа сите мажи и жени и сите градски жители. Откако ја затворија вратата зад себе, се искачија на покривот на стражарницата. 52 Авимелех дојде до стражарницата и ја нападна. Додека и пристапуваше на вратата за да ја изгори со оган, 53 една жена му фрли млински камен на главата и му го скрши черепот. 54 Тој го повика брзо својот слуга, оружјеносецот, и му рече: „Истргај го мечот и убиј ме за да не се зборува за мене: ‘Жена го уби!’” Неговиот слуга го прободе, па тој умре. 55 Кога Израелците видоа дека Авимелех е мртов, сите се вратија во своите места. 56 Така Бог му плати на Авимелеха за злото што тој му го стори на татка си, убивајќи седумдесет свои браќа. 57 И сите зли дела на сихемските мажи Бог ги сврте врз нивните глави. И така ги стигна проклетството на Јотам, синот Јеровалов.
1 По Авимелеха стана Тола, синот Фуев, син Додов, за да го избави Израел. Тој беше од Исахаровото племе, а живееше во Самир, во Ефремовата Гора. 2 Му беше судија на Израел дваесет и три години, а кога умре, го погребаа во Самир. 3 По него стана Галатецот Јаир, кој му беше судија на Израел дваесет и две години. 4 Имаше триесет синови, кои јаваа на триесет ослиња и имаа триесет градови, што се наречени до денешен ден Јаирови Села, а се наоѓаат во Галадската Земја. 5 Кога умре Јаир, го закопаа во Камон. 6 Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи. Им служеа на ваалите и на астартите, на арамејските богови и на сидонските богови, на боговите на Моавците и на боговите на Филистејците. А Го напуштија Господа и веќе не Му служеа. 7 Тогаш Господ пламна со гнев и ги предаде во рацете на Филистејците и Амонците. 8 Оттогаш тие ги угнетуваа и ги измачуваа Израелците осумнаесет години - сите Израелци кои живееја отаде Јордан, во Аморејската Земја, што е во Галад. 9 Потоа Амонците поминаа преку Јордан за да завојуваат и против Јуда и Венијамин, и против Ефремовиот дом, па Израел се најде во голема неволја. 10 Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа, велејќи: „Грешевме кон Тебе зашто Го оставивме Господа, нашиот Бог, за да им служиме на ваалите.” 11 А Господ им одговори на Израелците: „Нели ве угнетуваа Египетците и Аморејците, Амонците и Филистејците, 12 Сидонците, Амаликците и Маонците? Но кога извикавте кон Мене, нели ве избавив од нивните раце? 13 А вие ме оставивте Мене и почнавте да им служите на други богови. Заради тоа не ќе ве избавам веќе. 14 Одете и викајте им за помош на оние богови што сте ги избрале! Тие нека ве избават од вашата неволја!” 15 Израелевите синови Му одговорија на Господа: „Согрешивме! Прави со нас што Ти е угодно, само избави нè денес!” 16 И ги отстранија туѓите богови и почнаа пак да му служат на Господа. А Господ веќе не можеше да трпи Израелците да патат. 17 Кога Амонците се собраа и се влогорија во Галад, се собраа и Израелците и се влогорија во Миспа. 18 Тогаш народот и галадските началнци си рекоа едни на други: „Кој човек ќе нè поведе во бој против Амонците, нека биде началник на сите жители на Галад.”
1 Галадецот Јефтај беше храбар војник. Блудница го роди, а татко му беше Галад. 2 Но на Галад и на неговата жена им се родија синови, па кога пораснаа синовите на жената, го избркаа Јефтаја, велејќи му: „Не ќе добиеш наследство од нашиот татко, зашто си син на жена туѓинка.” 3 Затоа Јефтај побегна од своите браќа и се насели во земјата Тов. Таму, околу него се собра група бескуќници, кои пљачкосуваа со него. 4 По некое време Амонците завојуваа против Израел. 5 Кога Амонците го нападнаа Израел, галадските старешини тргнаа да го бараат Јефтаја во земјата Тов. 6 ”Дојди - му рекоа - биди ни војвода, да војуваме против Амонците.” 7 Но Јефтај им одговори на галадските старешини: „Нели вие ме мразевте и нели ме изгонивте од куќата на татка ми? Зошто доаѓате сега при мене, а кога сте во неволја?” 8 Галадските старешини му рекоа на Јефтај: „Затоа дојдовме при тебе: дојди со нас, поведи војна против Амонците, и ќе ни бидеш главатар нам и на сите во Галад.” 9 Јефтај ги праша галадските старешини: „Ако ме одведете назад за да војувам против Амонците, па ако Господ ми ги предаде мене, ќе бидам ли ваш главатар?” 10 ”Господ нека биде сведок меѓу нас - му одговорија на Јефтаја градските старешини - дека ќе постапиме според твоето слово!” 11 И Јефтај отиде со старешините на Галад. Народот го постави за свој главатар и војвода; а Јефтај ги повтори сите свои услови пред Господа во Миспа. 12 Тогаш Јефтај му испрати пратеници на царот на Амонците со порака: „Што има меѓу тебе и мене па си дошол да војуваш против мојата земја?” 13 Царот на Амонците им одговори на Јефтаевите посланици: „Во времето кога излегуваше од Египет, Израел ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и до Јордан. Затоа сега врати ми ја доброволно!” 14 Јефтај повторно му испрати пратеници на царот на Амонците, 15 и му порача: „Вака зборува Јефтај: ‘Израел не зеде ни моавска ни амонска земја, 16 туку, откако излезе од Египет, Израел помина преку пустината до Црвеното Море и дојде до Кадис. 17 Тогаш Израел му испрати пратеници на едомскиот цар со молба: Сакам да поминам низ твојата земја! Но едомскиот цар не ги послуша. Ги испрати и при моавскиот цар, но и тој не сакаше, та Израел остана во Кадис. 18 Потоа преку пустината ги заобиколи Едомската и Моавската Земја и дојде на исток од Моавската Земја. Народот постави логор од онаа страна на Арнон не преминувајќи ја границата на Моав, зашто Арнон беше моавска меѓа. 19 Потоа Израел му испрати пратеници на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон, и му порача: „Пушти ме да поминам низ твојата земја до местото што ми е одредено.” 20 Но Сион не го пушти Израел да помине преку неговото подрачје, туку ја собра сета своја војска, што беше влогорена во Јаса и зафати бој со Израел. 21 Господ, Израелевиот Бог, ги предаде Сиона и сета негова војска во рацете на Израел, кој ги порази; та Израел ја завладеа сета земја на Аморејците, кои го населуваа тоа подрачје. 22 Така ја завладеа сета земја на Аморејците од Арнон до Јавок, и од пустината до Јордан. 23 И сега кога Господ, Израелевиот Бог, ги протера Аморејците пред Својот народ Израел, ти би сакал да нè избркаш? 24 Зар не е твое она што твојот бог Хемос им го одзеде на старите сопственици? Така и сè она што Господ, нашиот Бог, им го одзеде на старите сопственици, ние го имаме сега во сопственост! 25 Во што си ти подобар од моавскиот цар Валак, синот Сефоров? Дали и тој спореше со Израел? Дали тој војуваше против него? 26 Кога Израел се насели во Есевон и во неговите села, во Ароир и во неговите села, а така и по сите градови на брегот на Јордан - еве, веќе триста години - зошто тогаш не ги одзедовте? 27 Јас не ти згрешив тебе, туку ти ми правиш неправда војувајќи против мене. Господ, Судијата, нека пресуди денес меѓу Израелевите синови и Амоновите синови.’” 28 Но царот на Амонците не ги послуша зборовите што му ги испрати Јефтај. 29 Господов Дух дојде на Јефтај, па тој помина низ Галадовото и низ Манасиевото племе, помина низ Галадска Миспа, а од Галадската Миспа дојде зад Амонците. 30 И Јефтај Му се заветува на Господа: „Ако ми ги предадеш Амонците во раце, 31 првиот кој ќе излезе низ вратата на мојата куќа за да ме пресретне, кога ќе се враќам како победник од бојот со Амонците, ќе биде Господов, и него ќе го принесам како паленица.” 32 Јефтај тргна против Амонците за да ги нападне, и Господ ги предаде во неговите раце. 33 И Јефтај ги порази од Ароир до близу Минт - во дваесет градови - и сè до Авел-Керамим. Тоа беше нивни голем пораз; и Амонците беа покорени пред Израел. 34 Кога Јефтај се врати дома во Миспа, ете, во пресрет му излезе ќерката, играјќи при звуци на тапани. Таа му беше единка, освен неа немаше ни син ни ќерка. 35 Кога ја виде, ги раздра своите облеки и рече: „Ах, моја ќерко, ме фрли во голема тага! Зар токму ти требаше да ми донесеш несреќа! Те заветував на Господа, и не можам да го одречам заветот.” 36 Таа му одговори: „Татко мој, ако си Му направил завет на Господа, стори со мене како што си се заветувал, зашто Господ ти даде да им се одмаздиш на Амонците, на своите непријатели.” 37 Тогаш го замоли татка си: „Исполни ми ја оваа молба: пушти ме да бидам слободна два месеца; ќе скитам по горите со моите другарки и ќе ја оплачувам мојата девственост.” 38 ”Оди”- и рече тој, и ја пушти за два месеца. Таа отиде со своите другарки, и ја оплакуваше својата девственост по горите. 39 Кога поминаа два месеца, таа се врати при таткото, и тој го исполни врз неа заветот што го беше направил. И никогаш не беше запознала маж. Оттогаш стана обичај во Израел 40 секоја година Израелевите ќерки да отидат и да ја оплакуваат ќерката на Галадецот Јефтај, четири дена во годината.
1 Тогаш се собраа луѓе од Ефремовото племе, го поминаа Јордан при патот кон Сафон и му рекоа на Јефтај: „Зошто отиде во бој против Амонците, а нас не нè повика да дојдеме со тебе? Ќе ти ја изгориме куќата заедно со тебе!” 2 Јефтај им одговори: „Имавме голем спор, јас и мојот народ, и Амонците нè угнетуваа тешко. Ве повикав на помош, но вие не ме избавивте од нивните раце. 3 Гледајќи дека нема кој да ме спаси, го ставив животот на жрепка, отидов сам против Амонците, и Господ ми ги предаде во рацете. И така, зошто тргнавте денес да војувате против мене?” 4 Тогаш Јефтај ги собра сите Галадци и удри на Ефрема. Галадците го поразија Ефрема, зашто овие зборуваа: „Вие сте, Галадци, Ефремови бегалци, кои живеевте среде Ефрема и Манасија.” 5 Потоа Галадците им ги пресекоа на Ефрема јорданските бродови, и кога некој Ефремов бегалец ќе речеше: „Пуштете ме да поминам,” Галадците ќе го прашаа: „Дали си Ефремовец?” Ако речеше тој: „Не сум,” 6 тие му велеа: „Ајде, речи: Шиболет!” (клас). Тој велеше: „Сиболет,” зашто не можеше да изговори добро. Тогаш тие го фаќаа и го погубуваа при Јорданските Плиткости. Така загинаа четириесет и две илјади луѓе од Ефремовото племе. 7 Јефтај му судеше на Израел шест години. А кога Галадецот Јефтај почина, го погребаа во неговиот град, во Галад. 8 По него судија во Израел беше Авесан од Витлеем. 9 Тој имаше триесет синови и триесет ќерки, кои ги омажи од куќата, а на своите синови им донесе однадвор триесет жени. Тој му судеше на Израел седум години. 10 Потоа умре Авесан, и го погребаа во Витлеем. 11 По него судија во Израел беше Завулонецот Елон. Тој му судеше на Израел десет години. 12 Потоа умре Завулонецот Елон, и го погребаа во Ајалон во Завулоновата Земја. 13 По него судија во Израел беше Авдон, синот Елилов од Фаратон. 14 Тој имаше четриесет синови и триесет внуци, кои јаваа на седумдесет ослиња. Тој му судеше на Израел осум години. 15 Потоа почина Авдон, синот Елилов од Фаратон, и го погребаа во Фаратон во Ефремовата Земја, во Амаликовата Гора.
1 Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за четириесет години. 2 А беше некој човек од Сараја, од Дановото племе, по име Маној. Жена му беше неротка и немаше деца. 3 На таа жена и се јави Господов Ангел и и рече: „Ти си неплодна и немаш раѓано. 4 Но отсега внимавај: да не пиеш ни вино ни жестоки пијалаци, и да не јадеш ништо нечисто. 5 Зашто, ќе заносиш, еве, и ќе родиш син. И брич нека не помине преку неговата глава, зашто детето, од мајчината утроба, ќе Му биде посветено на Бога - ќе биде Божји Назиреј, и тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците.” 6 Жената отиде и му кажа на мажот: „Божји човек дојде кај мене, лицето му беше како на Божји Ангел, полно со достоинство. Не го прашав откаде дојде, ниту тој ми го кажа своето име. 7 Но ми рече: ‘Ти ќе зачнеш и ќе родиш син. Отсега не пиј вино ни жестоки пијалаци, и не јади ништо нечисто, зашто твоето дете ќе биде Божји Назиреј од мајчината утроба до смртта.’” 8 Тогаш Маној Му се помоли на Господа и рече: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нè поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди!” 9 Господ го послуша Маноја, и Господовиот Ангел дојде пак кај жената додека седеше во полето. Маној, нејзиниот маж, не беше покрај неа. 10 Жената отрча брзо за да го извести мажот и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој дојде кај мене во оној ден.” 11 Маној стана, тргна по жената, и кога дојде при човекот, го праша: „Дали си ти оној, кој зборуваше со женава?” А тој одговори: „Јас сум.” 12 ”Кога ќе се исполни она што си го рекол - пак рече Маној - според кои прописи и како треба да се постапува со детето?” 13 Господовиот Ангел му одговори на Маноја: „Жената нека се чува од сè што и забранив. 14 Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав.” 15 Тогаш Маној му рече на Господовиот Ангел: „Со задоволство ќе те задржиме и ќе те нагостиме со јаре.” 16 На тоа Господовиот Ангел му рече на Маноја: „ И да ме задржиш, јас не ќе јадам од твоето јадење, туку ако сакаш да жртвуваш паленица, принеси Му ја на Господа.” Маној не знаејќи дека тоа е Господов Ангел, 17 и му рече на Господовиот Ангел: „Како ти е името, за да можеме да те почестиме кога ќе се исполни она што го рече.” 18 Господовиот Ангел му одговори: „Зошто прашуваш за моето име? Тоа е таинствено.” 19 Тогаш Маној зеде јаре и лебен принос па Му ги жртвува, врз камен, како паленица на Господа, Кој прави таинствени работи. 20 Кога пламенот од жртвеникот почна да се вишка кон небото, Господовиот Ангел се дигна во пламенот. Кога Маној и неговата жена го видоа тоа, паднаа со лицето на земја. 21 Господовиот Ангел не им се јави веќе на Маној и на неговата жена. Тогаш Маној сфати дека тоа е Господов Ангел. 22 ”Без друго ќе умреме - и рече на жената - зашто Го видовме Бога.” 23 ”Ако Господ сакаше да нè умртви, - му одговори жената - не ќе ги примеше паленицата и лебниот принос од нашата рака, не ќе ни го покажеше сè тоа ниту ќе нè оставеше да чуеме нешто такво.” 24 Жената роди син и му го даде името: Самсон. Детето порасте, и Господ го благослови. 25 И Господовиот Дух почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Сараја и Естаол.
1 И Самсон слезе во Тамнат и здогледа таму девојка од филистејските ќерки. 2 Откако се врати, им го довери тоа на таткото и на мајката: „Забележав во Тамнат - рече тој - девојка од филистејските ќерки: оженете ме со неа.” 3 Таткото и мајката рекоа: „Зар нема девојки меѓу ќерките на твоето племе и во сиот наш народ, па ти одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?” Но Самсон му одговори на татка си: „Ожени ме со неа, зашто таа ми замиле.” 4 Таткото и мајката не знаеја дека тоа е од Господа, Кој бараше закачка со Филистејците, зашто во тоа време Филистејците владееја над Израел. 5 Така Самсон слезе во Тамнат и кога дојде во Тамнатските Лозја, ете - одненадеж пред него скокна млад лав, рикајќи. 6 Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот, како што се раскинува јаре; но не им кажа ни на таткото ни на мајката што направил. 7 Откако дојде, разговараше со девојката, и така му замиле. 8 По некое време, кога се врати да ја одведе, Самсон сврти за да го види мртвиот лав, а ете во мртвиот лав рој пчели и мед. 9 Тој зеде мед во рацете, и го јадеше одејќи патем. Кога се врати при таткото и при мајката, им даде и ним, па и тие јадеа, но не им кажа дека го зел од мртов лав. 10 Потоа отиде кај жената, и таму му приготвија гозба на Самсона; траеше седум денови, зашто таков обичај имаа младоженците. 11 Но бидејќи се плашеа од него, избраа триесет свадбени другари да бидат покрај него. 12 Тогаш Самсон им рече: „Ајде да ви дадам загатка. Ако ја отгатнете во текот на седумте свадбени денови, ќе ви дадам триесет ленени кошули и триесет свечени облеки. 13 Но ако не можете да ја отгатнете, вие ќе ми дадете мене триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.” „Кажи ни ја загатката - му одговорија тие - ние те слушаме.” 14 А тој им рече: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко.” Но за три дни не можеа да ја отгатнат загатката. 15 На четвртиот ден и рекоа на Самсоновата жена: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом! Зар нè повикавте тука, за да не ограбите?” 16 Тогаш жената, расплакана, пред него рече: „Ти само ме мразиш, и не ме љубиш. Им даде гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја објасни.” Тој и одговори: „Не им ја објаснив ни на таткото ни на мајката, па тебе ли ќе ти ја објаснам?” 17 Таа му плачеше околу вратот седум денови, колку што траеше гозбата. На седмиот ден тој и ја кажа, зашто му досади многу. А таа им ја кажа на синовите на својот народ. 18 На седмиот ден, пред зајдисонце, луѓето од градот му рекоа на Самсона: „Што има послатко од мед и што има посилно од лав?” А тој им одговори: „Ако не оравте со мојата јуница, не ќе ја погодевте гатанката.” 19 Тогаш Господов Дух дојде на него, па тој слезе во Аскалон и таму уби триесет луѓе, им ја зеде облеката и им даде свечени облеки на оние, кои ја отгатнаа гатанката, а тогаш сиот гневен се врати во татковата куќа. 20 А Самсоновата жена му ја дадоа на другарот, кој му беше свадбен придружник.
1 По некое време, во жетвата на пченицата, Самсон дојде да ја посети својата жена, донесувајќи и јаре, и рече: „Сакам да влезам кај својата жена во одајата.” Но неговиот тест не му дозволи. 2 ”Мислев - му рече тој - дека си ја замразил, па му ја дадов на твојот другар. Но зар нејзината помлада сестра не е поубава од неа? Земи ја место неа!” 3 Самсон му одговори: „Овој пат нема да им бидам виновен на Филистејците, кога ќе им направам зло.” 4 И Самсон отиде, фати триста лисици, зеде гламни и, свртувајќи ја опашката кон опашката, стави по една гламна меѓу две опашки. 5 Тогаш ги запали гламните, ги пушти лисиците во филистејските ниви и им ги запали сноповите и неожниеното жито, и лозјата, и маслинките. 6 Филистејците запрашаа: „Кој го направи тоа?” Им одговорија: „Самсон, Тамнатевиот зет, затоа што тестот му ја одзеде жената и му ја даде на неговиот другар.” Тогаш Филистејците отидоа и ги изгореа со оган неа и татковиот и дом. 7 ”Штом го направивте тоа - им рече Самсон - не ќе мирувам додека не ви се одмаздам.” 8 И ги натепа сите со силни удари, вдолж и напреку, и ги порази. После тоа отиде во пештерата на Итамската Стена и заседна таму. 9 Тогаш Филистејците тргнаа, се влогорија во Јуда и се раширија до Лехиј. 10 ”Зошто тргнавте против нас?” - ги прашаа Јудејците. А тие им одговорија: „Тргнавме да го врземе Самсона и да му направиме како што тој ни направи нам.” 11 Тогаш три илјади Јудејци отидоа кај пештерата на Итамската Стена и му рекоа на Самсона: „Зар не знаеш дека Филистејците господарат над нас? Тогаш зошто ни го направи тоа?” Тој им одговори: „Како тие мене, така јас ним!” 12 А тие му рекоа: „Дојдовме да те врзиме и да те предадеме во рацете на Филистејците.” „Заколнете ми се - им рече - дека не ќе ме убиете.” 13 ”Не - му одговорија, - ние само ќе те врзиме и ќе те предадеме во нивните раце, но навистина не сакаме да те убиеме.” Тогаш го врзаа со две нови јажиња и го одведоа од пештерата. 14 Кога го доведоа во Лехиј, и кога Филистејците, викајќи од радост, стрчаа кон него, Господовиот Дух го опфати, и јажињата на неговите раце станаа како ленени конци, прегорени со оган, и му паднаа од рацете. 15 Откако забележа уште пресна челуст од осле, ја протегна раката, ја зеде онаа челуст и со неа уби илјада луѓе. 16 Тогаш Самсон рече: „Со челуст на осле претепав купови, со челуст на осле убив илјада.” 17 Откако го дорече тоа, ја фрли челуста од раката. Затоа оттогаш тоа место го викаат Рамат-Лехиј (Фрлена челуст). 18 Бидејќи беше многу ожеднет, извика кон Господа: „Ти ја извојува оваа голема победа со рацете на Твојот слуга, а зар сега треба да умрам од жед и да им паднам во рацете на необрезаните?” 19 Тогаш Господ ја расече вдлабоченоста што е кај Лехиј, и вода потече од неа. Самсон се напи, и му се врати силата, духот му оживе. Затоа на тој извор му го дадоа името Ен-Акоре(Извор на Оној Кој Повикува), а кој е уште и денес во Лехиј. 20 Самсон беше судија во Израел, за време на филистејското владеење, дваесет години.
1 Оттаму Самсон отиде во Газа; таму виде блудница и влезе при неа. 2 На жителите на Газа им јавија: „Самсон дојде тука!” Го опкружија и го дебнеа цела ноќ при градската врата. Сета ноќ беа притаени. „Да почекаме до зорите - мислеа - па ќе го убиеме.” 3 Но Самсон лежеше само до полноќ, а на полноќ стана, ја грабна градската врата со двата довратника, ги истрга заедно со лостот, ги стави на раменици и ги однесе на врвот на гората што е спроти Хеврон и ги положи таму. 4 Потоа тој се вљуби во една жена од долината на Сорик, по ме Делила. 5 Филистејските кнезови дојдоа при неа и и рекоа: „Заведи го и научи каде стои неговата голема сила, за да можеме да го совладаме па да го врзиме и да го направиме немоќен. А секој од нас ќе ти даде по илјада и сто сребрени сикли.” 6 Делила го праша Самсона: „Кажи ми каде стои твојата голема сила и со што треба да бидеш врзан, за да бидеш совладан.” 7 Самсон и рече: „Ако ме врзат со седум свежи, уште неосушени, жили од лак, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.” 8 Филистејските кнезови и донесоа на Делила седум свежи уште неосушени жили, и таа го врза со нив. 9 Кај неа во собата имаше заседа, и таа му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Тој ги скина жилите како што се кине колчиште кога ќе се доближи до огнот. И така не научија за неговата сила. 10 Тогаш Делила му рече на Самсона: „Ме измами и ме излага. Но сега кажи ми со што треба да бидеш врзан?” 11 Тој и одговори: „Ако ме врзат добро со нови, уште неупотребени, јажиња, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.” 12 Тогаш Делила зеде нови јажиња, го врза со нив и му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Кај неа во собата имаше заседа, но тој ги скина јажињата на рацете како да се конци. 13 Тогаш Делила му рече на Самсона: „Постојано ме измамуваш и ме лажеш. Кажи ми најпосле со што треба да бидеш врзан.” Тој и одговори: „Ако вткаеш седум плетенки од мојата коса во ткајачки разбој и ако ги заглавиш со клин, ќе станам немоќен и ќе бидам како обичниот човек.” 14 Таа го заспа и отка седум плетеници од неговата коса во ткајачкиот разбој, заби клин и му викна: „Ете се Филистејците врз тебе, Самсоне!” Тој се разбуди и ги истрга и клинот и ткајачкиот разбој. 15 Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.” 16 Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт. 17 И и го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.” 18 Тогаш Делила сфати дека и го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.” И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе. 19 Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави. 20 Кога таа извика: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” тој се разбуди и помисли: „Ќе се извлечам како и секогаш и ќе се ослободам.” Но не знаеше дека Господ се сврти од него. 21 Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го оковаа со двојни бронзени вериги, та вртеше мелница во темницата. 22 Но косата почна пак да расте каде му ја избричија. 23 Филистејските кнезови се собраа да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се повеселат. Тие зборуваа: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон.” 24 А народот, откако го виде, почна да го фали својот бог, па воскликнуваа во негова чест, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон, кој ни ја запустуваше земјата и кој погуби многу од нас.” 25 Кога срцето им заигра, извикаа: „Доведете го Самсона за да нè забавува!” И го доведоа Самсона, од темницата, и тој ги веселеше нив; а потоа го ставија меѓу столбовите врз кои се крепеше зградата. 26 Тогаш Самсон му рече на детето кое го водеше за рака: „Води ме и помогни ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи зградата, за да се потпрам врз нив.” 27 А куќата беше полна со мажи и жени. Тука беа и сите филистејски кнезови, а на покривот три илјади луѓе, кои гледаа како ги развеселува Самсон. 28 Самсон извика кон Господа: „Господи, Господи, спомни си за мене и дај ми сила, само уште сега, за да им се одмаздам на Филистејците за двете очи.” 29 И Самсон ги напипа двата средни столба врз кои лежеше зградата, се потпре на нив, со десната на едниот, а со левата на другиот 30 и извика: „Нека загинам со Филистејците!” И напна со сета сила и ја урна зградата врз кнезовите и врз сиот народ што се наоѓаше таму. Повеќе ги уби умирајќи отколку што ги истепа во животот. 31 Потоа неговите браќа и сиот дом на неговиот татко дојдоа, го зедоа и го однесоа, и го погребаа меѓу Сараја и Естаол, во гробот на Маној, неговиот татко. Тој му судеше на Израел дваесет години.
1 Во Ефремовото племе имаше човек по име Миха. 2 Тој и рече на мајката: „Илјадата и сто сребрени сикли што ти беа украдени и заради кои изусти клетва - моите уши ја чуја - тие сребреници се кај мене, јас ги зедов.” Мајка му му одговори: „Господ да те благослови, сине мој!” 3 И Миха и врати илјада и сто сребрени сикли. А мајка му му рече: „Тие сребреници Му ги посветив на Господа од својата рака за тебе, сине мој, за да биде изработен за тоа режан или леан лик. И еве, затоа ги давам.” 4 Мајката зеде двеста сребрени сикли и му ги даде на златарот. Тој направи од нив режан и леан кип, што го поставија во Михината нова куќа. 5 Тој му изгради светилиште, потоа направи ефод (наплеќник) и терафим (куќни идоли) па посвети еден од своите синови за да му биде свештеник. 6 Во тоа време немаше цар во Израел, и секој работеше што сакаше. 7 Беше еден млад човек од Витлеем во Јуда, од Јудиното племе; беше левит и престојуваше таму како придојденик. 8 Тој човек си отиде од градот Витлеем, во Јуда, за да се настани во некое згодно место како придојденик. Патувајќи дојде до Михината куќа во Ефремовата Гора. 9 Миха го праша: „Од каде доаѓаш?” „Јас сум левит од Јудиниот Витлеем - му одговори тој - и патувам да се настанам некаде.” 10 ”Остани кај мене - му рече Миха - и биди ми татко и свештеник, а јас ќе ти давам по десет сребрени сикли годишно, облека и храна.” И левитот влезе. 11 Левитот се согласи да остане кај него, и младиот човек му беше како еден од синовите. 12 Миха го посвети левитот за свештеник; младиот човек стана негов свештеник и живееше во Михината куќа. 13 ”Сега знам - рече Миха - дека Господ ќе ми направи добро кога имам левит за свештеник.”
1 Во она време немаше цар во Израел. Тогаш Дановото племе бараше земја каде да се насели, зашто до тој ден не им падна наследство меѓу Израелевите колена. 2 Затоа Дановците испратија петмина луѓе од своето племе, луѓе особено храбри од Сараја и од Естаол, за да ја извидат и за да ја запознаат земјата. И им рекоа: „Одете, извидете ја земјата.” И тие дојдоа во Ефремовата Гора, до Михината куќа, и заноќија таму. 3 Бидејќи беше близу до Михината куќа, го познаа гласот на младиот левит; навратија таму па го прашаа: „Кој те доведе ваму? Што правиш тука? И зошто си тука?” 4 А тој им одговори: „Миха направи така и така за мене. Тој ме глави, а јас му служам како свештеник.” 5 ”Прашај Го Бога - му рекоа - да знаеме дали ќе ни успее патот по кој одиме?” 6 ”Одете во мир - им одговори свештеникот - патот по кој што тргнавте е по Господова волја.” 7 Тогаш оние петмина отидоа и стигнаа во Лаис. И видоа дека народот што е во него живее без страв - според обичајот на Сидонците: безгрижно и мирно; дека имаат сè што раѓа земјата; дека се далеку од Сидонците и дека немаат никакви односи со други. 8 Кога се вратија при своите браќа во Сараја и во Естаол, браќата ги прашаа: „Што научивте?” 9 Тие одговорија: „На нозе! Да се нафрлиме врз нив! Земјата што ја видовме е многу добра. О вие, мрзливци! Не се двоумете да се нафрлите за да ја освоите земјата. 10 Кога ќе дојдете, ќе најдете таму безгрижен народ. Земјата е пространа. Бог го предава во ваши раце местото што не е скудно во ништо што раѓа земјата!” 11 Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол. 12 Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим. 13 Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа. 14 А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.” 15 Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија. 16 И додека шест стотини вооружени луѓе од Дановите синови стоеја пред вратата, 17 оние петмина, кои отидоа да ја извидат земјата, влегоа, ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, а свештеникот стоеше на прагот покрај шест стотини вооружени луѓе. 18 Кога влегоа во Михината куќа и ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, свештеникот им рече: „Што правите?” 19 ”Молчи - му одговорија. - Стави ја раката на уста и дојди со нас. Ќе ни бидеш татко и свештеник. Зар ти е подобро да бидеш свештеник во куќата на еден човек, отколку да бидеш свештеник на едно племе и род во Израел?” 20 Свештеникот се зарадува; тој ги зеде наплеќникот, терафимот и режаниот и леан кип па отиде со луѓето. 21 Се вратија на патот по кој што тргнаа, отидоа откако ги пуштија напред жените и децата, добитокот и скапоценостите. 22 Веќе беа далеку од Михината куќа, кога ете луѓето, кои живееја во соседните куќи, до Михината, се узбунија и тргнаа во потера по Дановците. 23 Кога почнаа да викаат по Дановите синови, тие се обѕрнаа и му рекоа на Миха: „Што ти е? Што се собравте?” 24 Тој одговори: „Ми го зедовте богот, кого што си го направив за себе и свештеникот па си отидовте. А што ми останува мене! И уште велите: ‘Што ти е?’” 25 Дановите синови му одговорија: „Да не те чуеме веќе! Зашто гневни луѓе можат да удрат на вас, па ќе ги упропастиш себеси и својата куќа!” 26 Дановите синови отидоа натаму, а Миха, гледајќи дека се посилни од него, се заврте и се врати дома. 27 И така, откако ги зедоа: богот што го имаше направено Миха и свештеникот, кого го глави за да му служи, Дановите синови удрија против Лаис, на мирни и спокојни луѓе, па ги исекоа со остар меч и го спалија градот. 28 Немаше некој да им помогне на лаисците, зашто беа далеку од Сидон и немаа никакви односи со Арамејците, а освен тоа градот беше во долина што се тегнеше кон Вет-Реов. Потоа пак изградија град и се населија во него. 29 И го нарекоа Дан, по името на својот предок Дан, кој му се роди на Израел. А порано градот се викаше Лаис. 30 Дановите синови си го наместија режаниот и леаниот кип. А Јонатан, синот Гирсонов, син Манасиев, а потоа неговите синови, беа свештеници на Дановото племе до денот кога народот беше одведен на заточение. 31 И им стоеше режаниот и леаниот кип, што го направи Миха, и остана таму за сето време додека Божјиот Дом беше во Сило.
1 Во она време кога во Израел уште немаше цар, во Израел живееше еден човек, левит, како придојденик на крајот на Ефремовата Гора. Тој зеде за наложница жена од Јудиниот Витлеем. 2 Откако му се расрди еднаш, неговата наложница го остави и се врати во татковата куќа во Јудиниот Витлеем, и беше таму некое време, околу четири месеци. 3 Нејзиниот маж отиде кај неа за да ја вразуми и за да ја доведе назад; водеше со себе слуга и две ослиња. Додека и приоѓаше на куќата на таткото на младата жена, тестот го забележа и му излезе радосно во пресрет. 4 Тестот, таткото на младата жена, го задржа три дни кај себе, па јадеа, пиеја и ноќеваа. 5 На четвртиот ден поранија; левитот се готвеше да си оди, кога таткото на младата жена му рече на зетот: „Поткрепи се со залак леб, па потоа одете си.” 6 И така седнаа, па двајцата јадеа и пиеја, а тогаш таткото на младата жена му рече на човекот: „ Остани уште ноќеска и нека се развесели твоето срце!” 7 Кога човекот стана да тргне, тестот почна да навалува на него, па тој преноќева уште еднаш таму. 8 На петтиот ден левитот порани да тргне, но таткото на младата жена му рече: „Поткрепи се најнапред!” Така го поминаа времето заедно додека денот не превали. 9 Човекот стана да си оди со соложницата и со слугата, кога тестот, таткото на младата жена, му рече: „Еве денот превали кон вечер, преноќувај тука и повесели се, а утре пораните на пат и ќе се вратиш во твојот дом.” 10 Но човекот нејќеше да преноќева, туку стана и тргна. Така дојде до пред Евус, односно Ерусалим. Со него беа две насамарени ослиња, наложницата и слугата. 11 Кога беа близу Ерусалим, денот веќе многу превали, па слугата му рече на својот господар: „Да влеземе во овој евусејски град и да ноќеваме во него.” 12 Но господарот му одговори: „Нема да влеземе во град на туѓинци, кои не се Израелци, туку ќе одиме до Гаваја.” 13 Уште му рече на слугата: „Ајде, да побрзаме за да стигнеме во некое од тие места - во Гаваја или во Рама.” 14 И поминаа, продолжувајќи го патот. Кога стигнаа пред Венијаминова Гаваја, сонцето заоѓаше. 15 И тие свратија таму, за да одат да ноќеваат во Гаваја. Откако влезе, седна на градското трговиште, но немаше некого за да ги прими во куќата за преноќевање. 16 И ете, еден старец се враќаше, пред вечер, од работа во полето. Тоа беше човек од Ефремовата Гора, живееше во Гаваја како придојденик, а сите жители на местото беа Венијаминови синови. 17 Подигајќи ги очите, го виде патникот на градската улица: „Од каде доаѓаш, и каде одиш?”- го праша старецот. 18 А тој му одговори: „Доаѓаме од Јудиниот Витлеем кон Ефремовата Гора, од каде што сум јас. Отидов во Јудиниот Витлеем и се враќам дома; но нема некој за да ме прими кај себе во куќата. 19 Имам и слама и крма за моите ослиња, а и леб и вино за себе, за мојата жена и за момокот, што ме придружува мене, твојот слуга. Имаме сè доста.” 20 ”Мир со тебе и добро ми дојде - одговори старецот. - Моја грижа е за тоа што ти е потребно, само не ноќевај на улица.” 21 И го воведе во својот дом и им даде крма на ослиците. Патниците си ги измија нозете, а тогаш јадеа и пиеја. 22 Додека тие се закрепнуваа, ете, некои граѓани, развратни луѓе, му ја опкружија куќата и, тропајќи со сета сила на вратата, му рекоа на старецот, господарот на куќата: „Изведи го тој човек кој влезе во твојот дом за да го познаеме.” 23 Тогаш домаќинот излезе од куќата и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло. Човекот влезе во мојот дом, затоа не правете беззаконие. 24 Еве, мојата ќерка е девица, ќе ви ја отстапам. Правете со неа што ви е мило, но на овој човек не правете му беззаконие.” 25 Луѓето не сакаа да го послушаат. Тогаш оној човек ја зеде соложницата па им ја изведе. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ до утрото, а кога забелеа мугрите, ја пуштија. 26 Пред зората, жената дојде и падна при вратата на куќата на оној човек каде што беше нејзиниот господар, и лежеше таму додека не се раздени. 27 Нејзиниот господар стана наутро, ја отвори куќната врата па излезе за да го продолжи патот; кога ја забележа жената, својата соложница, како што лежи при куќната врата, со рацете на прагот. 28 ”Стани, да си одиме” - и рече. Но немаше одговор. Тогаш ја зеде, ја натовари на ослето и тргна на пат за да се врати дома. 29 Кога дојде дома, извади нож и го зеде мртвото тело на соложницата, го исече, член по член, на дванаесет делови и ги распрати во сите краишта на Израел. 30 И секој што виде, рече: „Вакво нешто не се случило од денот кога Израелците излегоа од Египет до денешниот ден. Треба за тоа да се размисли, да се посоветува и да се зборува.”
1 Тогаш сиот Израел излезе и се собра сета заедница како еден човек, од Дан до Вирсавеја и до Галадската Земја, кај Господа во Миспа. 2 Началниците на сиот народ, на сите Израелеви племиња, дојдоа на собирот на Божјиот народ, четири стотини пешаци свикнати на меч. 3 А Венијаминовите синови научија дека Израелевите синови се искачиле во Миспа. Тогаш Израелевите синови запрашаа: „Кажете ни како се случи злосторот!” 4 Леви, мажот на убиената жена, зеде збор: „Дојдов со наложницата во Венијаминовата Гаваја за да преноќам. 5 А граѓаните на Гаваја станаа против мене и ноќе ја опкружија куќата во која што бев; сакаа да ме убијат мене, а мојата соложница ја изнасилија така што умре. 6 Затоа ја зедов мртвата соложница, ја исеков на делови и ја испратив во сите краишта на Израелевото наследство, зашто направија беззаконие и срамно дело во Израел 7 Ете, сите вие, Израелеви синови, разгледајте го делото и одлучете тука.” 8 Сиот народ стана како еден човек, говорејќи: „Никој од нас нека не се враќа во својот шатор, никој нека не се враќа во својата куќа! 9 Туку сега ова да и го направиме на Гаваја: ќе фрлиме жрепка; 10 и ќе земеме од сите Израелеви колена по десет луѓе од сто и по илјада од десет илјади и тие ќе и носат храна на војската, на оние кои ќе тргнат да ја казнат Венијаминова Гаваја за срамното дело што го направила во Израел.” 11 И се собраа Израелците против оној град, здружени како еден човек. 12 Тогаш Израелевите племиња испратија пратеници по сето Венијаминово племе со порака: „Какво гнасно дело е направено среде вас? 13 Сега предајте ги оние развратни луѓе, кои се во Гаваја, за да ги погубиме и да го откорнеме злото од Израел!” Но Венијаминовците не сакаа да ги послушаат своите браќа Израелци. 14 Венијаминовите синови се собраа, од своите градови, во Гаваја за да завојуваат против Израелците. 15 А Венијаминовците, кои дојдоа од разни градови, беа изброени во тој ден дваесет и шест илјади луѓе свикнати на меч, без жителите на Гаваја. 16 Од сиот тој народ имаше седум стотини вешти луѓе, кои беа леваци, и секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта. 17 А Израелците беа, без Венијаминовите синови, четири стотини илјади, сè луѓе свикнати на меч и сè само воини. 18 Израелевите синови, откако станаа, тргнаа во Ветил за да се посоветуваат со Бога: „Кој од нас да тргне прв во бој против Венијаминовите синови?” - прашаа Израелците. А Господ одговори: „Јуда нека тргне прв.” 19 Наутро Израелците тргнаа та се влогорија пред Гаваја. 20 Откако тргнаа во бој против Венијаминовците, се наредија во боен ред пред Гаваја. 21 А Венијаминовите синови излегоа од Гаваја и му погубија во тој ден на Израел дваесет и две илјади луѓе, кои останаа на полето. 22 Израелците отидоа и плачеа пред Господа сè до вечерта, а тогаш Го прашаа Господа: „Треба ли пак да излеземе во бој против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете против него!” 23 Тогаш војската на Израелевите синови се охрабри и повторно се нареди во боен ред, на истото место каде што се наредија во првиот ден. 24 На вториот ден Израелците им се приближија на Венијаминовците, 25 но во тој втор ден, Венијамин излезе од Гаваја пред нив и им уби на Израелците уште осумнаесет илјади луѓе, кои останаа во полето, сè само одбор воини, свикнати на меч. 26 Тогаш сите Израелци и сиот народ отидоа во Ветил (Божји Дом), па плачеа и стоеја таму пред Господа; постеа цел ден до вечерта, принесуваа паленици и помирителни жртви пред Господа. 27 И тогаш Израелците пак Го прашаа Господа, (зашто во она време Ковчегот на Божјиот Завет се наоѓаше на тоа место, 28 и Финес, син на Ароновиот син Елеазар, стоеше пред него во оние денови.) Тие прашаа: „Треба ли пак да излеземе против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете, зашто утре ќе ги предадам во ваши раце.” 29 Тогаш Израел постави чети во заседа околу Гаваја. 30 На третиот ден Израелците тргнаа против Венијаминовците, и се наредија во бојни редови пред Гаваја, како и порано. 31 Венијаминовите синови излегоа против нив, а тие ги намамија далеку од градот. Како и порано Венијаминовците убиваа некои по патиштата, од кои еден водеше кон Ветил, а другиот во Гаваја; така убија околу триесет Израелци. 32 И Венијаминовите синови зборуваа: „Еве ги биеме како и првиот пат.” А Израелците рекоа: „Да бегаме додека не ги намамиме на отворени патишта, далеку од градот!” 33 Тогаш главнината на Израелевата војска стана од својот положај и се нареди во боен ред кај Вал Тамара, а Израелевата заседа излезе од своето засолниште западно од Гаваја. 34 Десет илјади способни луѓе, избрани од сиот Израел, дојдоа кон Гаваја. Бојот беше жесток. Венијаминовите синови и не насетуваа дека ќе ги стигне зло. 35 И Господ го порази Венијамина пред Израел во тој ден, та Израелците му погубија на Венијамина дваесет и пет илјади и сто луѓе свикнати на меч. 36 Венијаминовите синови видоа дека се победени. Луѓето Израелци се повлекоа од своите бојни редови пред Венијамина, надевајќи се на заседата што ја поставија околу Гаваја. 37 А оние кои беа во заседата се нафрлија брзо против Гаваја и, откако влегоа во неа, ги исекоа со остар меч сите жители. 38 Израелевите мажи се беа договориле со оние од заседата, тие да кренат столб од дим од градот како знак: 39 тогаш Израелевите мажи ќе се повлечат од бојот. Венијамин почна да ги убива Израелците и им исече триесет луѓе, и си рекоа: „Навистина, паѓаат пред нас како во поранешниот бој.” 40 А кога знакот, столб од дим, почна да се издига од градот, Венијамин се обѕрна и виде како пламен од целиот град се вишка кон небото. 41 Тогаш Израелевите мажи се завртија, а Венијаминовците ги опфати ужас, зашто видоа дека ги најде зло. 42 И избегаа пред Израелците кон пустината, но воините им беа зад петиците, а оние кои доаѓаа од градот ги убиваа од зад плеќи. 43 Така го опколија Венијамина и, гонејќи го без здивнување, го уништија до Гаваја на источната страна. 44 И на Венијамин му паднаа осумнаесет илјади луѓе, сè само способни јунаци. 45 Преживеаните се завртија и избегаа во пустината кон Римонската Стена. Сечејќи по патиштата, Израелците погубија уште пет илјади луѓе. 46 Во тој ден, на Венијаминовците им паднаа дваесет илјади луѓе навикнати на меч, сè само способни луѓе. 47 Шест стотини луѓе избегаа во пустината кон Римонската Карпа и останаа таму четири месеци. 48 Потоа Израелевите луѓе им се вратија на Венијаминците, ги исекоа со остри мечеви мажите во градовите, добитокот и сè што се нашло; и ги изгореа со оган сите градови што ги најдоа во Венијамин.
1 Израелевите луѓе се заколнаа вака во Миспа: „Никој од нас не ќе даде своја ќерка за жена на Венијаминов син.” 2 И народот отиде во Ветил и остана таму пред Господа до вечерта, тажејќи и плачејќи. 3 Зборуваа: „Зошто, о Господи, Израелев Боже, требаше да се случи оваа несреќа, за да му снема денес едно племе на Израел?” 4 Утреден луѓето поранија и изградија таму жртвеник; принесоа паленици и помирителни жртви. 5 Тогаш Израелците прашаа: „Има ли некое од сите Израелеви племиња што не дошло на собирот при Господа?” Зашто свечено се заколнаа дека ќе го погубат оној, кој не ќе дојде во Миспа при Господа. 6 На Израелците им се сожали за братот Венијамин, та рекоа: „Денес е откинато едно племе од Израел. 7 Како ќе им дадеме жени на оние кои останаа, кога Му се заколнавме на Господа дека не ќе им даваме свои ќерки за жени?” 8 Затоа прашаа: „Има ли некој од Израелевите племиња што не дошол при Господа во Миспа?” И се покажа дека никој од жителите на Јавис Галадски не дојде во логорот, на собирот. 9 Зашто кога народот се преброи, таму немаше никого од жителите на Галадски Јавис. 10 Затоа заедницата испрати таму дванаесет илјади храбри луѓе и им заповеда: „Идете и исечете ги со остри мечеви жителите на Галадски Јавис, заедно со жените и децата. 11 Еве што ќе направите: ќе ги предадете на проклето погубување сите мажи и сите жени, кои делеле постела со маж, но ќе го запазите животот на девиците.” Така и направија. 12 И најдоа меѓу жителите на Јавис во Галад четири стотини млади девојки, кои не делеле постела со маж, и ги доведоа во логорот во Сило, што е во Ханаан. 13 Тогаш сето општество им испрати пратеници на Венијаминовите синови, кои беа на Римонската Стена: им објавија мир. 14 Така се созеде Венијамин. Им ги дадоа оние од жените, од Галадски Јавис, кои ги оставија во живот, но не ги имаше достатно за сите. 15 На народот му се нажали за Венијамин, зашто Господ направи празнина меѓу Израелевите племиња. 16 ”Како ќе им најдеме жени на оние што останаа - рекоа старешините на општеството - зашто се истребени жените на Венијамин?” 17 И рекоа: „Како да биде запазен остатокот на Венијамина, за да не биде сотрено едно племе од Израел? 18 А не можеме да им ги дадеме нашите ќерки за жени.” Зашто се беа заколнале, велејќи: „Проклет да биде оној кој ќе му даде жена на Венијамин!” 19 ”Но - рекоа - Господов празник се слави секоја година во Сило.” Градот се наоѓа северно од Ветил, источно од патот што води од Ветил во Сихем и јужно од Левона. 20 И затоа ги посоветуваа Венијаминците: „Отидете во заседа по лозјата. 21 Внимавајте, па кога девојките од Сило ќе излезат да играат во танец, вие излезете од лозјата, грабнете си секој за себе жена од силоските ќерки па одете си во Венијаминовата Земја. 22 А кога нивните татковци и нивните браќа ќе дојдат да се жалат на вас, ние ќе им речеме: Простете им заради нас, зашто не им зедовме за секој по една жена во војната; а и сега вие не им ги дадовте, па да бидете виновни.’” 23 Венијаминовите синови направија така, и од девојките кои ги грабнаа зедоа онолкав број жени колку што ги имаше нив. Тогаш си отидоа и се вратија секој во своето наследство, пак изградија градови и се населија во нив. 24 Тогаш Израелците се разотидоа, кој во своето племе и во својот род, и секој оттаму се врати во своето наследство. 25 Во тоа време немаше цар во Израел, и секој го правеше тоа што му се чинеше дека е справедливо.
1 Во она време кога владееја судиите настана глад во земјата, па од Јудиниот Витлеем еден човек отиде, со својата жена и со своите два сина, да се насели во Моавските Полиња. 2 Тој човек се викаше Елимелех, жена му Ноемина, а двата негови сина: Малон и Хелеон; сите беа Ефратци од Јудиниот Витлеем. Стигнаа во Моавските Полиња и тука се населија. 3 Тогаш Елимелех, Ноеминиот маж, умре, и таа остана сама со своите два сина. 4 Тие се оженија со Моавки; едната се викаше Орфа, а другата Рута. И таму живееја десет години. 5 Тогаш умреа Малон и Хелеон, и така Ноемина остана и без своите два сина и без својот маж. 6 Тогаш таа се крена, со своите снаи, да си отиде од Моавските Полиња, зашто чу во Моавските Полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб. 7 И така таа си отиде од местото каде живееше, а со неа и нејзините снаи; тргнаа на пат за да се вратат во Јудината Земја. 8 Тогаш Ноемина им рече на своите две снаи: „Вратете се секоја во домот на својата мајка! Господ нека ви биде милостив како што бевте вие кон покојниците и кон мене! 9 Господ нека ви додели двете да најдете мир, секоја во домот на својот маж!” И ги пољуби, а тие се расплакаа гласно. 10 И и рекоа: „Не! Ние ќе дојдеме со тебе, при твојот народ.” 11 Но Ноемина им рече: „Вратете се назад, ќерки мои! Зошто би сте иделе со мене? Зар ќе имам уште синови во својата утроба, кои би ви биле мажи? 12 Вратете се назад, ќерки мои, само одете! Премногу сум стара, не сум за мажење, па и кога би рекла: ‘Имам надеж да се омажам уште ноќеска и да родам синови’ - 13 зар би сте могле да чекате да пораснат, и зар би сте останале немажени заради нив? Не, ќерки мои, мојата тага би била поголема од вашата, зашто Господовата рака се крена на мене.” 14 Тие пак заридаа и Орфа ја пољуби својата свекрва и се врати, а Рута остана со неа. 15 Ноемина и рече: „Ете, гледаш, твојата јатрва се врати при својот народ и при својот бог; врати се и ти по својата јатрва!” 16 А Рута и одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да си отидам од тебе: зашто каде одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог - мој Бог. 17 Каде ќе умреш ти, ќе умрам и јас, каде ќе те погребаат тебе, ќе ме погребаат и мене. Господ нека ми врати со секакво зло и со неволја ако ме оддели нешто од тебе освен смртта.” 18 Гледајќи дека цврсто наумила да оди со неа, прекрати да ја одвраќа. 19 Така заедно одеа додека не дојдоа во Витлеем. А кога дојдоа во Витлеем сиот град се возбуди заради нив. „Ма, ова ли е Ноемина?” - (Пријатна) прашаа жените. 20 А таа им одговараше: „Не викајте ме веќе Ноемина, туку викајте ме Мара (Горчлива), зашто Сèдржителот ме исполни со горчина! 21 Оттука заминав со полни раце, а сега Господ ме враќа со празни раце. Зошто ме викате Ноемина кога Господ посведочи против мене, и Сèмоќниот ме завитка во тага?” 22 Така се врати Ноемина со Моавката Рута, со својата снаа, од Моавските Полиња. Стигнаа во Витлеем токму кога почна жетвата на јачмен.
1 Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од Елимелеховото семејство: се викаше Воз. 2 Тогаш Моавката Рута и рече на Ноемина: „Сакам да одам во полето за да доприбирам класови по оној, кај кого ќе најдам милост.” Таа и одговори: „Појди ќерко моја!” 3 И отиде, дојде во полето па почна да доприбира зад жетварите. А среќата ја доведе во полето, што му припаѓаше на Воз, од Елимелеховиот род. 4 И ете, дојде Воз од Витлеем. „Господ да е со вас!” - ги поздрави тој жетварите. А тие му одговорија: „Господ да те благослови!” 5 Воз му рече тогаш на момокот што ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?” 6 А момокот, кој беше над жетварите, одговори: „Тоа е младата Моавка што дојде придружувајќи ја Ноемина од Моавските Полиња. 7 Прашаше: ‘Дали смеам да доприбирам и да собирам класје меѓу сноповите зад жетварите.’ И ете дојде, и остана од утрото сè досега; и само малку влезе во куќата.” 8 Тогаш Воз и рече на Рута: „Чуј ме, ќерко моја, не оди да доприбираш кај друг, туку држи се покрај моите ниви и покрај моите трудбеници. 9 Внимавај на која нива тие жнијат, па оди по нив. А им наредив на момчињата за да не те допира никој. Кога ќе жедниш, оди при садовите и пиј од тоа што моите слуги ќе налеат.” 10 Таа падна на своето лице, му се поклони до земјата и рече: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми посветуваш внимание, кога сум туѓинка?” 11 Воз и одговори: „Чув што си направила сè за својата свекрва по смртта на твојот маж; како си ги оставила твојот татко, твојата мајка и твојот роден крај па си дошла во народ што до вчера и до завчера не го познаваше. 12 Господ нека ти плати за сè што си направила, и нека ти додели полна награда Господ, Израелевиот Бог, кога си дошла за да се засолнеш под Неговите крилја!” 13 Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и и проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.” 14 Кога беше време за ручек, Воз и рече: „Дојди ваму, јади од овој леб и топи го твојот залак во оцет!” Таа седна покрај жетварите, а тој стави пред неа пржени зрна. Јадеше и се насити, и уште и остана. 15 Кога стана да доприбира натаму Воз им заповеда на своите слуги: „Таа нека доприбира и меѓу сноповите, а вие немојте да ја навредувате. 16 Туку испуштајте класови и од своите ракатки, и оставајте ја нека собира и не и бранете!” 17 И така дособираше сè до вечерта, па тогаш го очукаа она што го имаше доприбрано: беше околу една ефа јачмен. 18 Таа го зеде своето и дојде во градот, а свекрвата виде колку дособрала. Тогаш Рута извади и и даде што и остана откако се насити. 19 Свекрвата ја праша: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној кој погледна на тебе!” Тогаш таа и раскажа на свекрвата кај кого работела и рече: „Човекот кај кого работев денес се вика Воз.” 20 Тогаш Ноемина и рече на својата снаа: „Нека Господ го благослови оној кој не ги лиши од својата милост ни живите ни мртвите!” И Ноемина додаде: „Тој човек е од нашиот род; еден од нашите роднини.” 21 Моавката Рута раскажа натаму: „Уште ми рече: ‘Држи се покрај моите работници додека не ожнеат сè мое!’” 22 Тогаш Ноемина и рече на Рута, на својата снаа: „Добро е, ќерко моја, оди по неговите трудбеници за да не ти биде неприлика на некоја друга нива.” 23 И така се држеше покрај Возовите работници и доприбираше додека не ги ожнија и јачменот и пченицата. И живееше кај својата свекрва.
1 Тогаш Ноемина, нејзината свекрва, и рече: „Ќерко моја, да ти побарам мирно место каде би можела да бидеш среќна? 2 Гледаш, Воз, со чии трудбеници беше, е наш роднина. Еве, тој ќе вее ноќеска јачмен на гумното. 3 Измиј се и намачкај се, облечи се убаво па отиди на гумното. Не оставај да те препознае пред да се најаде и напие. 4 Кога ќе легне, види го местото каде ќе легне; па кога ќе легне, отиди таму, поткрени ја покривката од неговите нозе и легни таму! Тогаш тој ќе ти рече што треба да правиш.” 5 Таа и одговори: „Ќе направам сè како што ми велиш.” 6 И слезе на гумното и направи сè како што и повели свекрвата. 7 А Воз, откако јадеше и пиеше, и така се развесели, отиде и легна покрај стогот. Таа пристапи полека, му ги откри нозете и легна. 8 И околу полноќ, човекот се тргна и се заврте, и ете: жена лежи до неговите нозе. 9 ”Која си?” - праша тој, а таа одговри: „Јас сум Рута, твојата слугинка. Рашири го скутот на твојата облека над твојата слугинка, зашто си ми старател.” 10 ”Господ да те благослови, ќерко моја! - рече - ова твое добро дело што го направи сега е уште подобро од првото, зашто не отиде да бараш млади луѓе, ни богати ни бедни. 11 И затоа, ќерко моја, не плаши се сега; ќе сторам сè за тебе што ќе побараш, зашто сите врати на мојот народ знаат дека си чесна жена. 12 Да, навистина сум ти старател; но има уште поближен од мене. 13 Остани ноќеска, ако утре тој, како старател, сака да те земе, добро, нека те земе; а ако нејќе, ќе те земам јас; жив Господ! Спиј до утрото!” 14 И таа спиеше покрај неговите нозе до утрото. Тој стана пред да може човек човека да препознае, зашто мислеше: „Не треба да знаат дека жена била на гумно.” 15 И и рече: „Дај ја наметката што е на тебе и држи ја добро.” Таа ја придржа а тој и тури шест мери јачмен, па и ја поткрена. И таа отиде во градот. 16 Кога стигна, свекрвата ја праша: „Што е со тебе ќерко моја?” А таа и раскажа сè што сторил човекот за неа. 17 И додаде: „Овие шест мери јачмен ми ги даде, велејќи: ‘Не смееш да се вратиш при свекрвата со празни раце.’” 18 Таа и рече: „Биди спокојна, ќерко моја, додека не видиш што ќе биде: зашто тој нема да има спокојство додека не докрајчи сè уште денес.”
1 Потоа Воз излезе при градската врата и седна таму. И ете, помина оној старател за кого зборуваше. И Воз го повика: „Еј, дојди тука и седни!” Тој дојде и седна. 2 Тогаш Воз зеде десет луѓе од градските старешини и рече: „Поседнете тука!” 3 Потоа му рече на старателот: „Ноемина, која се врати од Моавските Полиња, сака да ја продаде онаа земја на нашиот брат Елимелех. 4 Затоа одлучив да разговарам со тебе и да ти предложам да ја откупиш нивата пред овие кои седат тука и пред старешините на мојот народ. Ако имаш намера да ја откупиш, тогаш откупи ја; ако немаш намера, кажи ми, да знам. Зашто, пред тебе никој нема право на откуп; јас сум по тебе.” А оној рече: „Сакам, ќе ја откупам.” 5 Тогаш Воз кажа: „Кога ќе ја купиш земјата од рацете на Ноемина, треба да ја земеш и Моавката Рута, покојниковата сопруга, за да му го запазиш покојниковото име во наследството.” 6 Но роднината рече: „Е, тогаш не можам да бидам откупник, за да не го растурам своето наследство. Откупи ја ти, зашто јас не можам.” 7 А од старина беше обичај во Израел: за да се поткрепи полноважноста на откуп или на замена, човекот би собул една обувка и би му ја дал на другиот. Тоа беше сведоштво во Израел. 8 И така и оној старател му рече на Воз: „Откупи ти!” па ја собу обувката и му ја даде. 9 Тогаш Воз им рече на старешините и на сиот народ: „Вие сте сведоци денес дека откупувам од раката на Ноемина сè она што беше Елимелехово, сè што беше Хелеоново и Малоново. 10 Покрај тоа ја земам за жена Моавката Рута, Малоновата жена, за да биде запазено покојниковото име во наследството и за да не биде збришано неговото име меѓу неговите браќа и за да не исчезне од вратите на неговиот роден крај. Вие сте денес сведоци за тоа.” 11 Сиот народ што се наоѓаше при градската врата и старешините, рекоа: „Сведоци сме! Господ да даде жената, која влегува во твојот дом, да биде како Рахила и Лија, кои двете го издигнаа Израелевиот дом! Збогати се во Ефрат, а прослави се во Витлеем! 12 Твојат дом нека биде, по потомството што ќе ти го даде Господ од оваа млада жена, како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда!” 13 Така Воз ја зеде Рута, и таа му стана негова жена. Влезе при неа, и Господ и даде да заноси и роди син. 14 Тогаш жените и рекоа на Ноемина: „Благословен да биде Господ, Кој денес не те остави без наследник! И да го прослави неговото име во Израел! 15 Тој ќе биде твоја утеха и поткрепа во твојата старост; зашто го роди твојата снаа која те љуби и која ти вреди повеќе од седум синови.” 16 Ноемина го зеде детенцето, го стави на своето крило и му беше воспитачка. 17 Соседите му дадоа име, говорејќи: „& се роди син на Ноемина!” И го нарекоа Овид; тој е татко на Есеј, Давидовиот татко. 18 А ова е Фаресовото родословие: Фарес имаше син Есром, 19 Есром син Арам, Арам син: Аминадав, 20 Аминадав син: Насон, Насон син: Салмон, 21 Салмон син: Воз, Воз син Овид, 22 Овид син Есеј, а Есеј син: Давид.
1 Беше еден човек од Раматаим, Софимец од Ефремовата Гора, по име Елкан, син Јероамов, син Еливов, син Товин, син Суфов, Ефратец. 2 Имаше две жени: името на едната и беше Ана, а на другата името и беше Фенина. Фенина имаше деца, а Ана немаше. 3 Тој човек се искачуваше секоја година од својот град за да Му принесе жртва на Господа на Силите во Сило. Таму беа двајцата Илиеви синови, Офниј и Финес, како Господови свештеници. 4 Еден ден Елкан принесе жртва. Тој обично им даваше на својата жена Фенина и на сите нејзини синови и ќерки жртвени делови, 5 а на Ана и даваше повеќе еден дел, зашто повеќе ја љубеше Ана, ама Господ и ја беше затворил утробата. 6 Покрај тоа нејзината соперница ја натажуваше, за да ја понижи зашто Господ и ја беше затворил утробата. 7 Така беше секоја година кога би поаѓале во Господовиот Дом: Фенина ја дразнеше. Затоа Ана плачеше и не сакаше да јаде. 8 Тогаш и рече Елкан, нејзиниот маж: „Зошто плачеш Ана? И зошто не јадеш? Зошто ти е тажно срцето? Не сум ли ти јас повреден од десет синови?” 9 Ама Ана стана, откако јадеа и пиеја во Сило, и стапи пред Господа - а свештеникот Илија седеше на столица на прагот на Господовиот Храм. 10 И јадосана во душата Ана Му се помоли на Господа, плачејќи горко. 11 И се заветува вака: „Господи над Воинствата! Ако погледнеш на неволјата на својата слугинка, и си спомниш за мене, и не ја заборавиш својата слугинка та и дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава.” 12 Така таа се молеше долго пред Господа, а Илија ги набљудуваше нејзините усни. 13 Ана зборуваше во срцето; само се помрднуваа нејзините усни, а гласот не и се слушаше. Затоа Илија помисли дека е пијана. 14 И Илија и рече: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од виното што е во тебе!” 15 Но Ана одговори и рече: „Не сум пијана, господару, туку сум голема несреќница. Не сум пила ни вино ни опоен пијалак, туку ја излевам својата душа пред Господа. 16 Не суди ја својата слугинка како недобра жена, зашто заради тешка тага и жалост се молев толку долго.” 17 Тогаш Илија и одговори вака: „Оди си во мир! А Израелевиот Бог нека ти ја исполни молитвата со која Го молеше.” 18 А таа рече: „Нека твојата слугинка најде милост во твоите очи!” И жената си отиде по својот пат: јадеше, и лицето не и беше веќе тажно како порано. 19 Утрината поранија и Му се поклонија на Господа, а тогаш се вратија и дојдоа во својата куќа во Рама. Елкан ја позна Ана, својата жена, а Господ си спомни за неа. 20 Ана забремени и, кога и беше времето, роди син, кого го нарече со името Самоил, „зашто,” рече, „го измолив од Господа.” 21 По една година се искачи нејзиниот маж Елкан со сиот свој дом, за да Му ја принесе на Господа годишната жртва и за да го изврши заветот. 22 Ама Ана не тргна со него, зашто му рече на својот маж: „Не ќе тргнам додека детето не се одбие од градите, а тогаш ќе го одведам да се покаже пред Господа и да остане таму засекогаш.” 23 И и одговори Елкан, нејзиниот маж: „Прави како што мислиш дека е добро; остани додека не го одбиеш од градите; само Господ нека ти ја исполни твојата желба!” И жената остана дома доејќи го својот син, додека не го одби од градите. 24 Штом го одби од градите, го поведе со себе, земајќи покрај тоа тригодишен јунец, ефа брашно и мев со вино; и го воведе во Господовиот Дом, во Сило. А детенцето беше уште многу младо. 25 Тогаш го заклаа јунецот, а мајката на детето му пристапи на Илија. 26 И Ана рече: „Дозволете, господару! Жив ти твојот живот, господару, јас сум онаа жена која стоеше тука крај тебе молејќи Му се на Господа. 27 Молев за ова дете, и Господ ја послуша мојата молитва, со која го просев. 28 Затоа и јас Му го отстапувам него на Господа за сите дни на неговиот живот: та измолен е од Господа.” И му се поклонија таму на Господа.
1 На тоа Ана се помоли вака: „Моето срце воскликнува во Господа расте мојата сила преку мојот Бог. Устата ми се шири на моите непријатели, зашто се радувам на Твојата помош. 2 Никој не е свет како што е Господ (зашто нема никого освен Тебе) и нема стена како што е нашиот Бог. 3 Не зборувајте многу горделиви зборови, нека не излегува дрскост од вашата уста, зашто Господ е Сèзнаечки Бог, Тој ги пресудува право делата. 4 Се крши лакот на јунаците, слабите се опашуваат со сила. 5 Ситите сега се мачат за леб, гладните веќе не гладуваат. Неродилката раѓа седумпати, мајката на многуте деца изнемоштува. 6 Господ дава смрт и живот, спушта во гроб и оттаму издига. 7 Господ осиромашува и збогатува, го оборува човекот и го возвишува. 8 Го подига бедниот од правот, сиромашниот го возвишува од буниште, за да ги седне со кнезовите и за да наследат славен престол. Зашто Господови се столбовите на земјата, и Тој ја ставил врз нив вселената. 9 Ги чува чекорите на своите свети, злосторниците ги стигнува пропаст во мракот зашто човек не придобива победа со својата сила. 10 Кои Му се противат на Господа, се сотираат. Сèвишниот грми од небесата врз нив. Господ им суди на краиштата на земјата, му дава сила на својот цар, и Го воздигнува рогот на Својот помазаник.” 11 Потоа Елкан се врати во домот во Рама, а детенцето остана да Му служи на Господа, при свештеникот Илија. 12 А Илиевите синови беа недобри луѓе, зашто не се грижеа за Господа, 13 ни за правата на свештениците спроти народот: кога некој би принесувал жртва, би дошол свештениковиот слуга додека месото уште се вареше, со трирогова вилушка во рацете 14 и забодуваше со неа во котлето или во грнецот, во садот за пржење или во чинијата, и што и да се закачеше на вилушката, го земаше свештеникот за себе. Така им правеа на сите Израелци кои доаѓаа онаму, во Сило. 15 Така, и пред да беше спалено салото, би дошол свештениковиот слуга и би му рекол на човекот, кој ја принесуваше жртвата: „Дај ми месо за да му испечам на свештеникот! Тој не сака од тебе варено месо, туку само пресно.” 16 Ако човекот би му рекол тогаш: „Најнапред нека биде спалено салото, а тогаш земи што ти сака душата,” тој би одговорил: „Не, туку дај веднаш.” 17 Гревот на овие луѓе беше многу голем пред Господа, зашто луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа. 18 А Самоил служеше пред Господа, уште дете во ленен наплеќник. 19 Неговата мајка му правеше горна облека за наметнување и му ја донесуваше секоја година, кога ќе дојдеше со својот маж, за да ја принесе годишната жртва. 20 А Илија ги благословуваше Елкана и неговата жена, велејќи: „Господ нека ти даде пород од таа жена наместо подарокот што Му го даде на Господа.” Тогаш се враќаа во својот дом. 21 Господ ја посети Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а детето Самоил растеше со Господа. 22 Илија веќе беше многу стар, ама сепак чу сè што неговите синови му правеа на сиот Израел, и дека лежеле со жените, кои се собирале при влезот на Шаторот на сведоштвото. 23 И тој им рече: „Зашто работите такво нешто, за да треба да слушам за тоа од сиот овој народ? 24 Немојте така, синови мои! Не се добри гласовите што ги слушам... го соблазнувате Господовиот народ. 25 Ако човек му згреши на човека, Господ ќе пресуди. Но ако човек Му згреши на Господа, кој ќе се заземе за него?” Ама синовите не го послушаа гласот на својот татко, зашто Господ беше одлучил да ги погуби. 26 А детето Самоил сè повеќе растеше и придобиваше благонаклоност и пред Господа и пред луѓето. 27 Тогаш дојде еден Божји човек при Илија и му рече: „Господ зборува вака: ‘Нели му се јавив јасно на домот на твојот татко кога беа во Египет, во домот на фараонот? 28 Ги избрав од сите Израелеви племиња за да ми бидат свештеници, за да се искачуваат на Мојот жртвеник, за да принесуваат жртви паленици и за да носат наплеќник пред Мене: и му ги дадов на домот на твојот татко сите палени жртви на Израелевите синови. 29 Зошто ја газите Мојата жртва и Мојот лебен принос? И зошто ги пазиш своите синови повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови на сите жртвени приноси на Мојот народ Израел?’ 30 ’Затоа - Господ, Израелевиот Бог говори - навистина реков дека твојот дом и домот на твојот татко ќе стапуваат пред Мене довека, сега - говори Господ - нека е тоа далеку од Мене, ќе ги прославам оние кои Ме прославуваат Мене, а кои не Ме слават Мене, ќе бидат засрамени. 31 Ете, доаѓаат денови кога ќе ги отсечам твојата мишка и мишката на домот на татка ти, така што веќе не ќе има старец во твојот дом. 32 Ти ќе гледаш со кривогледо око на сите добра со кои ќе го опсипам Израел, и никогаш веќе не ќе има старец во твојот дом. 33 Сепак ќе задржам некого од твоите кај Својот олтар, само за да му слабеат очите и за да му венее неговата душа, но сето потомство на твојот дом ќе умира на средна возраст. 34 Знак ќе биде она што ќе ги снајде твоите два сина, Офниј и Финес: двајцата ќе загинат во ист ден. 35 Јас ќе си издигнам за Себе си верен свештеник, кој ќе работи според Моето срце и според Мојата душа, и во него ќе создадам траен дом, и тој секогаш ќе оди пред Мојот Помазаник. 36 А кој ќе остане од твојот дом, ќе доаѓа да му се поклони и да измоли сребрениче или парче леб, и ќе рече: „Те молам, прими ме во каква и да е свештеничка служба, за да имам залак леб.”‘“
1 Младиот Самоил Му служеше на Господа под Илиево надгледување, во она време Господ ретко им зборуваше на луѓето, а виденијата не беа чести. 2 Но еден ден Илија лежеше во својата соба - неговите очи почнаа да слабеат, та веќе не можеше да гледа. 3 Божјиот светилник, уште не беше угаснат, и Самоил спиеше во Господовиот Храм, таму каде што беше Божјиот Ковчег. 4 И Господ го повика: „Самоиле! Самоиле!” А тој одговори: „Еве ме!” 5 И отрча кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!” А Илија рече: „Јас не те повикав. Врати се и спиј!” И тој отиде и легна. 6 И Господ пак го повика: „Самоиле! Самоиле!” Самоил стана, отиде при Илија и му рече: „Еве ме! Ти ме повика!”А Илија одговори: „Јас не те повикав, сине! Врати се и спиј!” 7 Самоил уште не го познаваше Господа, и уште никогаш не му беше објавено Господовото слово. 8 И Господ го повика Самоила по трет пат. Тој стана, отиде кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!” Сега Илија разбра дека Господ го повикувал детенцето. 9 Затоа му рече на Самоила: „Оди и легни; а ако те повика, ти речи: ‘Зборувај, Господи, твојот слуга слуша.’” И Самоил отиде и легна на своето место. 10 И Господ дојде и застана, и викна како порано: „Самоиле! Самоиле!” А Самоил одговори: „Зборувај Твојот слуга Те слуша.” 11 Тогаш Господ му рече на Самоила: „Еве ќе направам нешто во Израел така што ќе им брчат двете уши на секој што ќе чуе. 12 Во оној ден ќе исполнам врз Илија сè што реков за неговиот дом, од почеток до крај. 13 Ти ќе му јавиш дека ја осудувам неговата куќа довека; тој знаеше дека неговите синови го хулат Бога, а не ги воздржа. 14 Затоа му се колнам на Илиевиот дом никакви жртви ни приноси нема да ја исперат вината на Илиевиот дом довека.” 15 Самоил спиеше до утрото, а тогаш ја отвори вратата на Господовиот Дом. Самоил се боеше да му го каже видението на Илија. 16 Но Илија го повика Самоила, говорејќи: „Самоиле, сине!” А тој одговори: „Еве ме!” 17 И тој го праша: „Какво е словото што ти го рече? Не криј ништо од мене! Така да ти направи Бог и да ти додаде друго ако ми скриеш нешто од она што ти рекол.” 18 Самоил му раскажа сè, и ништо не притаи од него. А Илија рече: „Тој е Господ, нека прави како што Му е по волја!” 19 Самоил растеше, а Господ беше со него и не оставаше ниту едно негово слово да падне на земја. 20 Сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, созна дека Самоил е поставен за пророк Господов. 21 Господ и натаму се јавуваше во Сило, зашто му се откриваше на Самоила преку словото Господово. И Самоиловото слово се расчу низ сиот Израел.
1 Во она време Филистејците собраа војска против Израел. Израелците излегоа пред нив за да војуваат, и се влогорија кај Евен Езер, додека Филистејците поставија логор кај Афек. 2 Филистејците се построија во боен ред против Израел, и настана жестока битка. Израел им подлегна на Филистејците: околу четири илјади луѓе загинаа на боиштето, на отворено поле. 3 Кога народот се врати во логорот, Израелевите старешини рекоа: „Зошто Господ дозволи денес да нè победат Филистејците? Да појдеме во Сило по Ковчегот на Господовиот Завет, нека дојде во наша средина и нека нè спаси од рацете на нашите непријатели.” 4 Народот испрати луѓе во Сило, и го донесоа оттаму Ковчегот на Заветот на Господа, на силите, кој престолува над херувимите; двата Илиеви сина, Офниј и Финес, дојдоа како придружници на Ковчегот. 5 Кога Господовиот Ковчег стигна во логорот, сиот Израел грмливо воскликна, од кое одекнуваше земјата. 6 Филистејците го чуја тоа грмливо воскликнување и прашаа: „Што значи тоа грмливо воскликнување во логорот на Евреите?” И сфатија дека Господовиот Ковчег стигна во нивниот логор. 7 Тогаш Филистејците ги обзеде страв, зашто зборуваа: „Бог дојде во логорот!” И извикаа: „Тешко нам! Така не беше досега. 8 Тешко нам! Кој ќе нè избави од рацете на Тој силен Бог? Тоа е Оној, Кој го удрил Египет со секакви неволји во пустината. 9 Охрабрете се и бидете јунаци, Филистејци, за да не им станете робови на Евреите, како што тие ви беа робови вам; бидете јунаци и борете се!” 10 Тогаш Филистејците заметнаа битка, Израелците беа поразени и избегаа секој во својот шатор. Поразот беше силен, зашто загинаа триесет илјади пешаци од Израелците. 11 И Божјиот Ковчег беше одземен, и двата Илиеви сина загинаа, Офниј и Финес. 12 Еден Венијамовец отрча од бојните редови и стигна во Сило уште на истиот ден, со искинати облеки и со глава посипана со прав. 13 Кога стигна, Илија седеше на својата столица, покрај огнот, внимавајќи на патот, зашто срцето му трепереше од страв за Божјиот Ковчег. Имено, тој човек дојде за да му донесе на градот глас, и настана силна викотница низ сиот град. 14 Кога Илија ја чу виката, праша: „Каква е таа голема викотница?” Човекот поита и дојде да го извести Илија. 15 А Илија беше тогаш на деведесет и осум години, очите му беа помрачени, та веќе ништо не гледаше. 16 Човекот му рече на Илија: „Доаѓам од боиштето, денес избегав од бојот.” Тогаш старецот праша: „Што се случило, сине?” 17 Гласникот одговори: „Израел избега пред Филистејците, тоа беше голем пораз за народот, и уште двата твои сина загинаа, и Божјиот Ковчег е грабнат!” 18 Кога го спомна Божјиот Ковчег, Илија падна од столицата назад покрај вратата, го скрши вратот и умре, зашто беше стар и тежок човек. Беше судија во Израел четириесет години. 19 Неговата снаа, Финесовата жена, беше трудна и пред породување. Кога чу дека е грабнат Божјиот Ковчег и дека умре нејзиниот свекор и дека загина нејзиниот маж, се свитка и роди, зашто наеднаш ја опфатија породилни болки. 20 Бидејќи беше на умирање, жените, кои што стоеја околу неа и рекоа: „Биди без грижа, зашто роди син!” Ама таа не одговори ниту обрна внимание. 21 На детето му го даде името Ихавод (неславен), велејќи: „Славата си отиде од Израел.” Со тоа мислеше на грабнатиот Божји Ковчег и на својот свекор и на својот маж. 22 Затоа рече: „Славата си отиде од Израел,” зашто е одземен Божјиот Ковчег.
1 Кога Филистејците го освоија Божјиот Ковчег, го пренесоа од Евен Езер во Азот. 2 На тоа Филистејците го зедоа Божјиот Ковчег, го внесоа во Дагоновиот храм и го сместија покрај Дагона. 3 Утреден наутро, ете, Дагон лежеше ничкум на земјата пред Господовиот Ковчег. Тие го кренаа Дагона и го ставија на неговото место. 4 Ама кога поранија наутро, ете, Дагон лежеше пак на земјата пред Господовиот Ковчег; Дагоновата глава и двете негови раце лежеа отсечени на прагот: на местото стоеше само Дагоновиот труп. 5 Затоа Дагоновите свештеници и сите кои влегуваат во Дагоновиот храм не стапнуваат со нога на Дагоновиот праг во Азот сè до денешен ден. 6 Тогаш Господовата рака ги притисна тешко жителите на Азот и ги натера во силен страв: ги казни со чиреви, Азот и неговото подрачје. 7 Кога луѓето во Азот видоа што се случи, рекоа: „Ковчегот на Израелевиот Бог не смее да остане кај нас, зашто Неговата рака се испружила против нас и против нашиот бог Дагон.” 8 Тие ги свикаа и ги собраа сите филистејски кнезови кај себе и рекоа: „Што да правиме со Ковчегот на Израелевиот Бог?” А тие одговорија: „Ковчегот на Израелевиот Бог нека биде пренесен во Гат.” И го пренесоа таму Ковчегот на Израелевиот Бог. 9 Ама кога го пренесоа, Господовата рака се спушти на градот и настана силна стравотија: ги удри граѓаните, од најмалите до најголемите така што им се појавија чиреви. 10 Тогаш го испратија Божјиот Ковчег во Акарон, Акаронците повикаа: „Го донесоа Ковчегот на Израелевиот Бог кај нас, за да нè помори нас и сиот наш народ!” 11 Затоа испратија и ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: „Испратете го назад Ковчегот на Израелевиот Бог, нека биде вратен на своето место, за да не нè помори нас и нашиот народ!” Зашто владееше смртен страв во целиот град, толку таму беше притиснала Господовата рака. 12 Луѓето кои не изумреа, беа удрени со чиреви и болниот вик на градот се дигаше до небото.
1 Ковчегот на Господа беше седум месеци во земјата на Филистејците. 2 Тогаш Филистејците ги свикаа свештениците и вражалците и ги прашаа: „Што да правиме со Господовиот Ковчег? Поучете нè како да го испратиме назад на неговото место.” 3 Тие одговорија: „Ако сакате да го вратите Ковчегот на Израелевиот Бог, не праќајте го назад празен, туку покрај него испратете и надоместница. Тогаш ќе се излечите и ќе знаете зошто Неговата рака не се сврти од вас.” 4 Тие прашаа: „Каква надоместница треба да Му испратиме?” Тие одговорија: „Според бројот на Филистејските кнезови пет златни чиреви и пет златни стаорци, зашто е иста неволја и на вас и на вашите кнезови. 5 И така, направете слики на своите чиреви и слики на своите стаорци, што ви ја сотруваат земјата, и дајте Му слава на Израелевиот Бог. Можеби ќе ја тргне Својата рака од вас, од вашите богови и од вашата земја. 6 Зошто сакате да ви окорави срцето, како што им беше окоравено на Египетците и на фараонот? Кога Бог ги притисна, не ги пуштија ли тогаш да си одат? 7 Подгответе сега една нова кола и земете две крави доилки, што уште не носеле јарем: впрегнете ги кравите во колата, а нивните телиња одведете ги назад во стајата. 8 Тогаш ќе го земете Господовиот Ковчег и ќе го ставите во колата. Златните предмети што Му ги принесувате како жртва за престап ќе ги сложите во ковчеже покрај него, и така нека тргне. 9 Потоа гледајте: ако тргне кон својот крај, по патот кон Вет Семес, тогаш е очигледно дека Тој ни го задаваше ова големо зло; ако не тргне така, ќе знаеме дека не нè удрила Неговата рака, туку дека тоа ни стана случајно.” 10 Луѓето направија така: зедоа две крави доилки и ги впрегнаа во колата, а нивните телиња ги задржаа во стајата. 11 Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви. 12 Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес. 13 Жителите на Вет Семес токму беа зафатени со жетвата на пченицата во долината. Подигнувајќи ги очите го здогледаа Ковчегот и му потрчаа во пресрет со радост. 14 Кога колата стигна во нивата на Ветсемеецот Исус, застана. Таму имаше голем камен. Тогаш ги исцепија дрвата од колата и Му ги принесоа кравите како жртва паленица на Господа. 15 Левитите го беа симнале Господовиот Ковчег и ковчежето, што беше покрај него и во кое беа златните предмети, и сè беа сложиле врз оној голем камен. Жителите на Вет Семес Му принесуваа во тој ден жртви паленици и Му колеа жртви закланици на Господа. 16 Кога го видоа тоа петте филистејски кнезови, се вратија во Акарон истиот ден. 17 А ова се петте златни чиреви што Филистејците Му ги испратија како жртва за престап на Господа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гат, еден за Акарон. 18 А златни стаорци имаше толку колку сите филистејски градови во сите пет кнежевства, од утврдените градови до отворените села. Сведок е големиот камен врз кого го положија Господовиот Ковчег, и кој уште и денес стои во нивата на Исуса од Вет Семес. 19 И Тој ги удри жителите на Вет Семес бидејќи погледнаа во Господовиот Ковчег. Затоа Господ порази педесет илјади и седумдесет луѓе меѓу нив. Народот тагуваше заради тоа што Господ ги порази со големо истребување. 20 Тогаш луѓето во Вет Семес рекоа: „Кој би можел да опстои пред Господа, пред Овој Свет Бог? Кому ќе Му отиде сега од нас?” 21 И им испратија пратеници на жителите на Киријат Јарим и им порачаа: „Филистејците го вратија Господовиот Ковчег. Дојдете и однесете го при себе.”
1 Тогаш луѓето од Киријат Јарим дојдоа и го однесоа Господовиот Ковчег при себе. Го внесоа во Авинадавовата куќа, на ридот и го посветија неговиот син Елеазар да го чува Господовиот Ковчег. 2 Од денот кога Ковчегот беше поставен во Киријат Јарим помина многу време - дваесет години - и сиот Израелев дом воздивнуваше по Господа. 3 Тогаш Самоил му проговори на сиот Израелев дом вака: „Ако од сè срце Му се враќате на Господа, отстранете ги од својата средина туѓите богови, ваалите и астартите, и пригответе ги своите срца за Господа и служете Му единствено Нему. Тогаш Тој ќе ве избави од рацете на Филистејците.” 4 Тогаш Израелевите синови ги отстранија ваалите и астартите, и Му служеа единствено на Господа. 5 Тогаш Самоил заповеда: „Соберете ги сите Израелеви синови во Миспа, за да Му се помолам на Господа за вас.” 6 И така тие се собраа во Миспа; таму нацрпуваа вода и ја излеваа пред Господа. И постеа во оној ден и признаваа: „Му согрешивме на Господа!” И Самоил им судеше на Израелевите синови во Миспа. 7 Кога Филистејците чуја дека Израелевите синови се собраа во Миспа, филистејските кнезови тргнаа да нападнат на Израел. Кога го видоа тоа Израелевите синови, се исплашија од Филистејците. 8 И Израелевите синови го замолија Самоила: „Не прекратувај да викаш за нас кон Господа, кон нашиот Бог, за да нè избави од рацете на Филистејците.” 9 Самоил зеде едно јагне цицалче и Му го принесе на Господа како жртва паленица, и гласно Му се помоли на Господа за Израел, и Господ го послуша. 10 Додека Самоил принесуваше жртва паленица, Филистејците дојдоа за да удрат на Израел, ама во тој ден Господ загрме со силен грмеж на Филистејците и така ги испалши и ги збуни, та му подлегнаа на Израел. 11 Израелските војници излегоа од Миспа и ги спотераа Филистејците, поразувајќи ги сè до Вет Хар. 12 А Самоил зеде еден камен и го постави меѓу Миспа и Сена и го нарече Евен Езер (Камен на Помош), говорејќи: „Господ ни помогна дотука.” 13 Така Филистејците беа понижени, и никогаш веќе не се нафрлија на Израелевата земја, а Господовата рака ги притискаше Филистејците за време на сиот век на Самоила. 14 И градовите што Филистејците ги беа зазеле од Израел му беа вратени нему, од Акарон до Гат, и Израел го ослободи нивното подрачје од филистејски раце. И имаше мир меѓу Израелците и Аморејците. 15 Самоил беше судија во Израел за време на сиот свој век. 16 Секоја година ги обиколуваше Ветил, Галгал и Миспа, и во сите тие места му судеше на Израел. 17 Потоа се враќаше во Рама, зашто таму имаше своја куќа и таму му судеше на Израел. Таму му подигна и жртвеник на Господа.
1 Кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии во Израел. 2 Неговиот првороденец се викаше Јоил, а вториот син Авија; тие беа судии во Вирсавеа. 3 Ама синовите не одеа по татковите стапки: гледаа на својата печалба, примаа поткуп и ја извртуваа правдата. 4 Тогаш се собраа сите израелски старешини и дојдоа кај Самоила, во Рама. 5 И му рекоа: „Ете ти остаре, а твоите синови не одат по твоите стапки. И така, постави ни цар да владее над нас, како што е тоа кај сите народи.” 6 Ама на Самоила не му беше мило дека рекоа: „Дај ни цар да владее над нас!” Затоа Самоил Му се помоли на Господа. 7 А Господ му рече на Самоила: „Послушај го гласот на народот во сè што бараат од тебе, зашто не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, не сакајќи Јас да царувам над нив. 8 Сè што Ми правеа Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет па до денешниот ден - Ме оставија Мене и им служеа на туѓи богови - тие ти прават така и тебе. 9 И така, сега послушај го нивното барање, но опомени ги свечено и поучи ги за правата на царот, кој ќе владее над нив.” 10 Самоил му ги повтори сите Господови зборови на народот, кој бараше цар од него. 11 И рече: „Ова ќе биде правото на царот кој ќе царува над вас: ќе ги зема вашите синови за да му служат кај бојните коли и кај коњите, и тие ќе трчаат пред неговите бојни коли. 12 Ќе ги поставува за илјадници за педесетници; тие ќе ја ораат неговата земја, ќе ја жнијат неговата жетва, ќе му изработуваат бојно оружје и опрема за неговите бојни коли. 13 Царот ќе ги зема вашите ќерки за да му прават мирисливи масти, да бидат готвачки и пекарки. 14 Ќе ги земе вашите најдобри ниви, вашите лозја и вашите градини со маслинки и ќе им ги подарува на своите дворјани. 15 Ќе зема десеток од вашите посеви и од вашите лозја и ќе им го дава на своите дворјани и на своите службеници. 16 Ќе ги зема вашите слуги и вашите слугинки и вашите најдобри волови и ослиња, и ќе ги употребува за своја работа. 17 Ќе зема десеток од вашиот ситен добиток, а вие самите ќе му станете робови. 18 И кога еден ден ќе викате за помош заради царот, кого што го избравте сами, Господ нема да ве послуша во оној ден!” 19 Народот не сакаше да го послуша Самоиловиот глас, туку рече: „Не! Сакаме цар да владее над нас! 20 Така и ние ќе бидеме како сите народи: ќе ни суди наш цар, ќе ни биде водач и ќе ги води нашите војни.” 21 Кога Самоил чу што зборува народот, Му кажа сè на Господа. 22 А Господ му рече на Самоила: „Послушај ја нивната желба и постави им цар!” Тогаш Самоил им рече на Израелците: „Вратете се секој во својот град!”
1 Во она време живееше еден човек во Венијаминовото племе по име Кис, син на Авила, син на Серор, син на Вехорат, син Афиев; беше од Венијаминовото племе, виден човек. 2 Имаше син по име Саул, кој беше млад и убав. Меѓу Израелевите синови немаше поубав човек од него: за глава беше повисок од сиот народ. 3 Тогаш на Кис, Сауловиот татко му се загубија ослиците, па Кис му рече на својот син Саул: „Земи со себе еден слуга па стани и оди да ги бараш ослиците!” 4 И тие ја поминаа Ефремовата Гора, и ја поминаа земјата Салиса, но не најдоа ништо; ја поминаа земјата Салим, но ослиците не беа таму; ја поминаа и Венијаминовата Земја, но не најдоа ништо. 5 Кога дојдоа во земјата Суф, Саул му рече на слугата кој го придружуваше: „Ајде да се вратиме, за да не се откаже таткото од ослиците и да се загрижи за нас!” 6 А тој му одговори: „Ене, во оној онаму град живее Божји човек; тој е многу угледен човек: што и да каже се збиднува навистина. И така, да отидеме кај него, можеби ќе не упати во она заради што тргнавме на пат.” 7 А Саул му рече на својот слуга: „Ако навистина отидеме онаму што ќе му однесеме на човекот? Снема леб во нашите торби, немаме подарок да му однесеме на Божјиот човек. Што имаме да му дадеме?” 8 А слугата проговори пак и му рече на Саула: „Ете, имам во раката четвртинка сребрен сикал: ќе му го дадам на Божјиот човек, за да нè упати каде да одиме.” 9 (Некогаш во Израел кога би оделе да Го прашаат Бога за совет, се велеше: „Ајде, да појдеме кај видовитиот!” Зашто кого денес го нарекуваат пророк, некогаш беше викан видовит.) 10 Саул му одговори на својот слуга: „Добро велиш. Ајде!” И тргнаа во градот каде што живееше Божјиот човек. 11 Кога се искачуваа по угорништето кон градот, сретнаа девојки кои што излегле да нацрпат вода. И ги прашаа: „Дали е горе видовитиот?” 12 Тие им одговорија вака: „Да, видовитиот е пред вас. Точно стигна во градот, само побрзајте, бидејќи денес народот има жртва на високо место. 13 Штом ќе влезете во градот, ќе го најдете уште пред да се искачи на високото место да јаде. Зашто народот нема да јаде додека не дојде тој, бидејќи тој треба да ја благослови жртвата, а потоа повиканите ќе јадат. Затоа одете веднаш горе зашто уште ќе го најдете.” 14 Тие отидоа горе во градот. Кога влегуваа во вратата, Самоил ги сретна тргнувајќи кон високото место. 15 А ден пред да дојде Саул Господ му откри на Самоила: 16 ”Утре во ова доба ќе испратам при тебе човек од Венијаминовата Земја. Ти ќе го помажеш за кнез над Мојот народ Израел. Тој ќе го избави Мојот народ од филистејските раце. Ја видов неволјата на Својот народ, и неговиот вик достигна до Мене.” 17 А кога Самоил го здогледа Саула, Господ му проговори: „Еве ти го човекот за кого ти реков: ‘Тој ќе владее над Мојот народ.’” 18 Саул му пристапи на Самоила при вратата и рече: „Покажи ми каде е куќата на видовитиот.” 19 А Самоил му одговори на Саула: „Јас сум видовитиот. Тргни пред мене на високото место, денес ќе јадете со мене. Утре наутро ќе те отпуштам и ќе ти речам сè што ти е на срцето. 20 А за ослиците што ти се загубија пред три дни, не возбудувај се, зашто се најдоа. Освен тоа, кому му припаѓа сè што е најскапоцено во Израел? Зар не тебе и на сиот дом на твојот татко?” 21 А Саул одговори вака: „Не сум ли јас од Венијаминовото племе, од најмалото Израелово племе? А мојот род не е ли најнезначаен од сите родови на Венијаминовото племе? И така, зошто ми зборуваш такви зборови?” 22 Самоил ги зеде Саула и неговиот слуга, ги одведе во соба и им даде место на чело на повиканите, кои беа околу триесет. 23 Потоа Самоил му рече на готвачот: „Донеси го делот што ти го дадов и за кој ти реков да го оставиш настрана.” 24 Готвачот ги зеде плешката и она што беше над неа и ги стави пред Саула, а Самоил му рече: „Еве, пред тебе е она што е запазено за тебе. Јади, зашто тоа ти е запазено досега, кога го свикав народот.” Така во оној ден Саул јадеше со Самоила. 25 Потоа оттаму слегоа во градот. Таму му послаа на Саула на покривот. 26 И тој легна на почивка. Штом се зазори, Самоил го повика Саула, велејќи: „Стани, за да те отпуштам!” Кога Саул стана, двајцата излегоа, тој и Самоил. 27 Кога дојдоа на крајот на градот, Самоил му рече на Саула: „Речи му на момокот нека тргне напред пред нас! А ти застани, сега, за да ти го јавам Божјото слово.”
1 Тогаш Самоил зеде сад со масло па го излеа врз главата на Саула, потоа го пољуби и рече: „Со ова Господ те помаза за кнез над Својот народ Израел. Ти ќе владееш над Господовиот народ, и ќе го избавиш од рацете на неговите непријатели наоколу. И еве ти знак дека Господ те помаза за кнез над Своето наследство. 2 Кога ќе заминеш сега од мене, ќе најдеш двајца луѓе кај Рахилиниот Гроб, на границата на Венијаминовата Земја, во Селса. Тие ќе ти речат: ‘Се најдоа ослиците, кои тргна да ги бараш; и ете, твојот татко ги заборави ослиците, и се загрижи за вас и вели: „Што да направам за својот син?”‘ 3 Кога ќе заминеш оттаму натаму и ќе дојдеш до Таворскиот Даб, ќе сретнеш таму тројца луѓе кои ќе одат горе кон Бога во Ветил. Едниот ќе носи три јариња, другиот три леба, а третиот мев со вино. 4 Тие ќе те поздрават, и ќе ти дадат два леба, а ти прими ги од нивните раце. 5 Потоа ќе дојдеш во Божја Гаваја каде се наоѓаат филистејските граничари. Кога ќе влезеш во градот, ќе сретнеш дружина пророци, кои ќе слегуваат од високото место, а пред нив псалтири, тапанчиња кавалчиња и гуслиња; и тие ќе пророкуваат. 6 Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе, и ќе пророкуваш со нив, и ќе се измениш во друг човек. 7 А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе. 8 Потоа ќе слезеш пред мене во Галгал, и јас ќе слезам при тебе, за да принесам паленици и помирителни жртви. Чекај седум денови додека не дојдам кај тебе и да те поучам што ќе правиш.” 9 Штом Саул ги сврте плеќите за да си отиде од Самоила, Бог му го промени срцето, и сите оние знаци се исполнија во оној ден. 10 Имено кога дојдоа во Гаваја, ете, му дојде во пресрет дружина пророци, и Божјиот Дух слезе на него, и тој пророкуваше среде нив. 11 И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?” 12 А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?” Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!” 13 Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома. 14 А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?” А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.” 15 А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.” 16 А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.” Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил. 17 Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа 18 и им рече на Израелевите синови: „Вака зборува Господ: ‘Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетските раце и од рацете на сите царства, кои ве угнетуваа.’ 19 А вие го отфрливте денес својот Бог, Оној Кој ве избавуваше од сите ваши зла и од сите ваши неволји, и Му рековте: ‘Не, туку постави ни цар над нас!’ Затоа сега застанете пред Господа според своите племиња и родови.” 20 Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе. 21 Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа. 22 Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?” А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.” 23 Стрчаа и го доведоа оттаму; а кога застана среде народот, беше со главата и со рамениците повисок од сите. 24 Тогаш Самоил му рече на сиот народ: „Видовте ли кого го избра Господ? Не му има рамен во сиот народ.” И сиот народ почна да воскликнува и да вика: „Да живее царот!” 25 Тогаш Самоил му го соопшти на народот царското право и го запиша во книжен свиток што го положи пред Господа. Најпосле Самоил го отпушти сиот народ, за да си оди секој во својата куќа. 26 Саул исто така се врати дома во Гаваја, а со него тргнаа јунаците на кои Бог им ги допре срцата. 27 Ама некои ништожници рекоа: „Како ќе нè спаси тој?” И го презреа и не му донесоа никаков подарок. Тој се преправаше како да не го гледа тоа.
1 Од прилика по месец дена Амонецот Наас дојде и се влогори кај Галадовиот Јавис. Сите јависци му порачаа на Наас: „Склучи сојуз со нас, па ќе ти се покориме.” 2 Но Амонецот Наас одговори: „Вака ќе склучам сојуз со вас: на секој од вас ќе му го извадам десното око, и така ќе му направам срам на сиот Израел.” 3 А јависките старешини му рекоа: „Остави ни седум денови, за да испратиме гласници во сите Израелеви краеви, па ако не се најде никој за да нè избави, ќе ти се предадеме тебе.” 4 И пратениците дојдоа во Саулова Гаваја па му изложија сè на народот за да чуе. Тогаш сиот народ заплака со висок глас. 5 А ете, Саул токму одеше по добитокот од полето, па праша: „Што им е на луѓето па плачат?” И му раскажаа што рекоа јависците. 6 Кога Саул ги чу тие зборови, Господовиот Дух слезе на него, и силен гнев зовре во него. 7 И тој зеде два вола, ги насече, и деловите ги испрати по пратеници во сите Израелеви краишта и порача: „Кој не ќе тргне по Саула, вака ќе биде со неговите говеда.” И Божјиот страв ги опфати луѓето, па тргнаа како еден човек. 8 Саул ги преброја во Везек: и имаше Израелеви синови три стотини илјади, а Јудини луѓе триесет илјади. 9 Потоа им рече на пратените кои што беа дошле: „Вака речете им на јависците во Галад: ‘Утре кога сонцето ќе припече, ќе ви стигне помош.’” Кога посланиците се вратија, им го јавија сè тоа на јависците, и тие се зарадуваа. 10 И му порачаа на Наас: „Утре ќе излеземе кон вас, па направете со нас како што ќе ви биде мило.” 11 Утреден Саул го раздели народот во три чети, кои навлегоа во логорот при утринската стража, и ги поразија Амонците под најголемата дневна жега; а тие што останаа живи се распрснаа така што ни двајца не останаа заедно. 12 Тогаш народот му рече на Самоила: „Кој е оној што зборуваше: ‘Зар Саул ќе царува над нас?’ Дајте ги тие луѓе за да ги погубиме!” 13 Ама Саул одговори: „Нека никој не биде погубен во овој ден, зашто денес Господ извојува победа во Израел.” 14 Тогаш Самоил му рече на народот: „Ајде во Галгал, таму да го потврдиме царството.” 15 И сиот народ тргна во Галгал, и таму го поставија Саула за цар пред Господа, во Галгал. Таму жртвуваа пред Господа помирителни жртви, и таму Саул, со сите Израелци, прославуваше прослава.
1 Тогаш Самоил му рече на сиот Израел: „Еве ја исполнив вашата желба во сè што баравте од мене, и поставив цар над вас. 2 И отсега царот ќе оди пред вас. А јас остарев и оседев, и моите синови ете, се меѓу вас. Јас одев пред вас од својата младост па до денешниот ден. 3 Еве ме! Посведочите против мене пред Господа и пред Неговиот помазаник: кому му одзедов вол и кому му одзедов осле? Кого го измамив? Кого го угнетував? Од кого примив поткуп за да замижам на едното око? Јас ќе ви вратам назад сè.” 4 А тие одговорија: „Не нè измами, не нè угнетуваше, од никого не прими ништо.” 5 Уште им рече: „Господ е сведок за вас, и Неговиот помазаник е сведок во овој ден, дека не најдовте ништо во мојата рака.” А тие одговорија: „Сведок е!” 6 Тогаш Самоил му рече на народот: „Да, сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеја и Арона и Кој ги изведе вашите татковци од Египет. 7 Застанете сега тука, да поразговарам со вас пред Господа и да ве потсетам на сите големи дела, кои ви ги направи Господ вам и на вашите татковци. 8 Кога Јаков дојде во Египет Египетците ги притиснаа, а вашите татковци извикаа кон Господа за помош. И Господ ги испрати Мојсеја и Арона, кои ги изведоа вашите татковци од Египет, и ги насели на ова место. 9 Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисара, војводата на асорската војска, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив. 10 И пак извикаа кон Господа за помош, говорејќи: ‘Згрешивме, зашто Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на ваалите и на астартите; избави нè сега од рацете на нашите непријатели па ќе Ти служиме!’ 11 И Господ ги испрати Еровала, Ведана, Ефтаја и Самоила, па ве избави од рацете на вашите непријатели, наоколу, така што можевте да живеете без страв. 12 Ама кога го видовте Наас, амонскиот цар, како иде против вас, ми рековте: ‘Не, туку цар нека владее над нас!’ Па сепак е ваш Цар, Господ, вашиот Бог! 13 И ете ви го сега царот кого го избравте! Ете, Господ постави цар над вас. 14 Ако се боите од Господа и ако Му служите, ако го слушате Неговиот глас и не се противите на Неговите заповеди, ќе го следете Господа, својот Бог, вие и царот кој царува над вас. 15 Ако не го слушате Господовиот глас, ако се противите на Неговите заповеди, тогаш Господовата рака ќе се спушти на вас и на вашиот цар, како што беше против вашите татковци. 16 Сега пристапете уште еднаш и видете го големиот знак што Господ ќе го направи пред вашите очи. 17 Не е ли сега пченичната жетва? Ама јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати громови и дожд. И ќе разберете јасно колку е големо злото што го направивте пред Господа, барајќи цар за себе.” 18 Тогаш Самоил го повика Господа, и Господ испрати громови и дожд во оној ден, и сиот народ многу се исплаши од Господа и од Самоила. 19 И сиот народ му рече на Самоила: „Моли Му се на Господа, на својот Бог, за своите слуги, за да не изумреме, зашто кон сите свои гревови додадовме зло - барајќи цар за себе.” 20 Ама Самоил му рече на народот: „Не бојте се! Навистина вие го сторивте сето ова зло, ама сега веќе не го оставајте Господа, туку служете Му на Господа со сето свое срце. 21 Не клањајте им се веќе на ништожните кипови, кои не ви користат ништо, не ви помагаат ништо, зашто се само ништожества. 22 А Господ нема да го отфрли Својот народ, заради Своето величествено име, зашто Господ благоволи да направи Свој народ. 23 А нека биде далеку од мене за да Му згрешам на Господа, прекратувајќи да молам за вас и да ве упатувам на добар и чесен пат. 24 Само бојте се од Господа, и служете Му нему искрено со сето свое срце; зашто колку големи дела направи за вас. 25 Ако правите зло, ќе пропаднете вие и вашиот цар.”
1 Саул царуваше една година, а втората година од царувањето над Израел, 2 Саул си избра три илјади Израелци: две илјади од нив беа со Саула во Михмас и во Ветилската Гора, а едната илјада беше со Јонатан во Венијаминовата Гаваја. Другиот народ Саул го отпушти секого во неговиот шатор. 3 Јонатан го разурна филистејскиот столб, што стоеше во Гаваја, и Филистејците научија дека Евреите се побунија. Саул заповеда па затрубија во рог по сета земја, 4 и сиот Израел ја дозна новоста: „Саул го сурна филистејскиот столб, Израел му стана замразен на Филистејците!” И народот почна да се собира околу Саула во Галгал. 5 А Филистејците се собраа за да војуваат против Израел: три илјади бојни коли, шест илјади коњаници, а мноштво народ како песок на морскиот брег. И се влогорија кај Михмас, источно од Вет Авен. 6 Кога Израелците видоа дека се во неволја и дека народот е притиснат од непријателот, се скрија во пештерите, во јамите, во камењиштата, во рововите и во водособиралиштата. 7 Некои поминаа и преку бродовите на Јордан во земјата Гадова и Галадова. Саул уште беше во Галгал, а сиот народ околу него трепереше од страв. 8 Тој почека седум дена како што му одреди Самоил; но бидејќи Самоил не дојде во Галгал, народот почна да се разојдува од Саула. 9 Тогаш Саул рече: „Донесете ми жртва паленица и помирителни жртви!” И ја принесе жртвата паленица. 10 И токму ја завршуваше жртвата паленица, кога ете го Самоила, и Саул му излезе во пресрет за да го поздрави. 11 Самоил, го праша: „Што направи?” А Саул одговори: „Кога видов дека народот се разојдува од мене, а ти да не доаѓаш до одредениот ден, а Филистејците се собрале во Михмас, 12 помислив: ‘Сега Филистејците ќе удрат на мене во Галгал, а јас не ќе стигнам да Му се помолам на Господа со молитва!’ Затоа се осмелив и принесов жртва паленица.” 13 Самоил му рече тогаш на Саула: „Безумно постапи! Ако ја запазеше заповедта што ти ја даде Господ, твојот Бог, Господ би го зацврстил твоето царство над Израел довека. 14 А сега твоето царство нема да се одржи трајно: Господ си побара човек според Своето срце и го одреди за кнез над Својот народ, зашто ти не го запази тоа што ти го заповеда Господ.” 15 Тогаш Самоил стана и си отиде од Галгал по својот пат во Венијаминова Гаваја. Народот што остана, тргна по Саула во пресрет на војниците. Штом дојдоа од Галгал во Венијаминова Гаваја, Саул го преброи народот што остана покрај него, и го имаше околу шест стотини. 16 Саул и неговиот син Јонатан со луѓето кои што беа со нив заседнаа во Венијаминова Гаваја, а Филистејците се влогорија во Михмас. 17 Тогаш од филистејскиот логор излезе чета пљачкаши во три одделенија: едното одделение удри кон Офра во Совалската Земја; 18 второто одделение тргна кон Вет Орон, а третото одделение удри кон Гаваја што се крева покрај Севоим (Долината на Хиените) кон пустината. 19 А по сета Израелева земја немаше ковачи, зашто Филистејците рекоа: „Треба да се стори сè за да не си прават Евреите мечеви и копја.” 20 Затоа сите Израелци одеа кај Филистејците ако некој сакаше да го прекове своето рало или мотиката, својата секира или остенот за воловите. 21 Или ако им се скршеа врвовите на паличниците, мотиките, вилите, или секирите, или ако беше потребно да поправат кол. 22 Така се случи на денот на битката кај Михмас никој од сиот народ, што беше со Саула и со Јонатана, немаше ни меч ни копје во раката; само Саул и неговиот син Јонатан ги имаа. 23 А тогаш една филистејска стража беше излегла кон преминот кај Михмас.
1 Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот момок, оруженосец: „Ајде да поминеме до филистејската стража, која е онаму преку.” Не му јави ништо за тоа на својот татко. 2 Саул седеше на меѓата на Гаваја, под калинката што беше во Мигрон; а со него беа околу шест стотини луѓе. 3 А Ахиј синот Ахитов, братот Ихаводов, синот Финесов, синот Илиев, на Господовиот свештеник во Сило, носеше наплеќник. Народот не забележа дека Јонатан си отиде. 4 Во средината на клисурата каде што Јонатан сакаше да помине за да дојде до филистејската стража имаше стрмен камен од едната страна и стрмен камен од другата страна. Едниот се викаше Восес, а другиот Сене. 5 Првиот стрмен камен стоеше на север, спроти Михмас, а другиот на југ, спроти Гаваја. 6 Јонатан му рече на својот оруженосец: „Ајде да поминеме до стражата на оние необрезаници. Можеби Господ ќе направи нешто за нас, зашто ништо не Му пречи на Господа да додели победа, било да се многу луѓе или малку.” 7 А штитоносецот му одговори: „Прави сè на што те поттикнува твоето срце. Јас ќе дојдам со тебе, моето срце е како твоето срце.” 8 Јонатан му одговори: „Еве ќе поминеме кон тие луѓе и ќе им се покажеме. 9 Ако ни речат вака: ‘Не мрдајте сè додека не дојдеме до вас,’ тогаш ќе се исправиме на местото и нема да се искачуваме кон нив. 10 Ама ако ни речат вака: ‘Искачете се кон нас,’ тогаш ќе се искачиме, зашто Господ ни ги предаде во рацете. Тоа ќе ни биде знак.” 11 Кога двајцата и се покажаа на филистејската стража, филистејците рекоа: „Ете Евреите почнаа да излегуваат од дупките во кои се скрија.” 12 И стражарите му викнаа на Јонатана и на неговиот оруженосец: „Искачете се кон нас за да ве научиме нешто!” А Јонатан му рече на својот оруженосец: „Искачувај се по мене, зашто Господ ги предаде во Израелевите раце.” 13 Јонатан почна да се искачува помагајќи се со рацете и нозете, а по него неговиот оруженосец. Филистејците паѓаа пред Јонатана, а неговиот штитоносец ги убиваше по него. 14 Во тој прв колеж што го направија Јонатан и неговиот штитоносец, паднаа дваесет луѓе на од прилика половина рало изорано поле. 15 Тогаш се рашири страв по логорот и по полето, а стравот ги опфати и стражарите и четата грабачи; и земјата се стресе, и тоа беше силен Божји страв. 16 А Сауловите стражари во Венијаминовата Гаваја забележија дека мноштвото во логорот се разбранувало на сите страни. 17 И Саул им рече на луѓето кои што беа со него: „Извикувајте по име и видите кој си отишол од нас.” А кога прозиваа, ете, ги немаше Јонатана и неговиот штитоносец! 18 Тогаш Саул му рече на Ахиј: „Приближи го наплеќникот! Посоветувај се со Господа!” Зашто Божјиот Ковчег во тоа време беше со Израелевите синови. 19 Но додека Саул зборуваше со свештеникот, вревата во филистејскиот логор стануваше сè поголема, па Саул му рече на свештеникот: „Повлечи ја раката!” 20 Тогаш Саул и сиот народ што беше со него тргнаа заедно кон местото на бојот, и ете, таму ги беа извлекле мечевите едни на други, и голем смут владееше меѓу нив. 21 А оние Евреи кои од поодамна беа во служба на Филистејците и кои што тргнаа сега со нив во војската, се одметнаа од нив и им се придружија на Израелците, кои беа со Саула и со Јонатана. 22 И сите Израелци, кои се беа скриле во Ефремовата Гора, откако чуја дека Филистејците бегаат, се нафрлија по нив во бој. 23 Така Господ му додели победа на Израел во оној ден, а бојот се рашири сè до преку Вет Авен. 24 Израелците беа во оној ден многу изморени, зашто Саул ја изрече над народот оваа заклетва: „Проклет да биде човекот, кој ќе вкуси храна пред вечерта, пред да им се одмаздам на своите непријатели!” Така сиот народ не вкуси храна во тој ден. 25 Но таму имаше саќи со мед на површината на земјата. 26 Кога народот дојде онаму, виде како тече мед, но никој не ја принесе раката кон устата, зашто народот се боеше од заклетвата. 27 Само Јонатан, кој не чу кога неговиот татко го заколна народот, го доближи врвот на стапот, што му беше во раката, и го намака во медените саќи, потоа ја принесе раката кон устата; и веднаш му засветкаа очите. 28 Тогаш еден од народот проговори и рече: „Твојот татко го заколна народот, велејќи: ‘Проклет да е оној кој ќе вкуси храна денес!’” 29 А Јонатан одговори: „Мојот татко ја навалува несреќата на земјата. Гледајте, ми засветкаа очите зашто вкусив малку од тој мед. 30 Што би било допрва ако народот јадеше слободно од пленот што го доби од непријателот? Не ќе ли беше уште поголем филистејскиот пораз?” 31 Во оној ден ги поразија Филистејците од Михмас сè до Ајалон, а народот беше на крајот на своите сили. 32 Тогаш народот се нафрли на грабеж, нафаќа ситен добиток, говеда и телиња и почна да ги коле на гола земја и да го јаде месото со крвта. 33 И му соопштија на Саула, велејќи: „Ете народот му греши на Господа, јадејќи месо со крв!” 34 Потоа рече: „Отидете меѓу народот и речете им на сите нека секој го доведе при мене својот вол или овца; тука ќе ги колете и ќе ги јадете, а нема да Му грешите на Господа, јадејќи месо со крвта.” Така сиот народ уште во истата ноќ доведе кој што имаше, и тоа го колеа таму. 35 А Саул Му подигна жртвеник на Господа; тоа беше прв жртвеник што Му го подигна на Господа. 36 Тогаш Саул рече: „Да тргнеме уште ноќеска во потера по Филистејците, и да ги пленуваме додека не осамне утрото! Нема да им оставиме ниеден човек!” А народот му одговори: „Прави сè што мислиш дека е добро!” Ама свештеникот рече: „Да Му пристапиме тука на Бога!” 37 И Саул го праша Бога: „Треба ли да тргнам во потера по Филистејците? Дали ќе ги предадеш во Израелеви раце?” Ама не му одговори во оној ден. 38 Затоа Саул рече: „Пристапете ваму, сите народни главатари! Испитајте и видете во што беше денешниот престап. 39 Зашто, живиот ми Господ, Кој му дава победа на Израел, ако се најде вина макар и на мојот син Јонатан, треба да умре!” Ама никој од народот не се осмели да му одговори на Саула. 40 Саул тогаш му рече на сиот Израел: „Вие застанете на една страна, а јас и мојот син Јонатан ќе застанеме на другата страна.” А народот му одговори на Саула: „Прави го она што мислиш дека е добро!” 41 Тогаш Саул се помоли: „Господи, Израелев Боже, зошто не му одговори денес на својот слуга? Ако е вината на мене или на мојот син Јонатан, Господи, Израелев Боже, дај Урим; ако е вината на Твојот народ Израел, дај Тумим.” И жрепката падна на Саула и на Јонатана, а народот излезе прав. 42 Саул продолжи: „Фрлете жрепка за мене и за мојот син Јонатан!” И жрепката падна на Јонатана. 43 Тогаш Саул му рече на Јонатана: „Признај што си направил!” Јонатан одговори: „Јас само вкусив малку мед со врвот на стапот што ми беше во раката. Еве ме, готов сум да умрам!” 44 Саул одговори: „Така Господ да ми направи зло и да ми додаде друго ако навистина не умреш Јонатане!” 45 Ама народот му рече на Саула: „Зар да умре Јонатан, кој ја извојува оваа голема победа во Израел? Тоа не смее да биде! Живиот ни Господ, ниедно влакно од неговата глава нема да падне на земја, зашто тој со Бога го изврши ова дело денес!” Така народот го избави, та Јонатан не загина. 46 Саул се откажа од потерата по Филистејците, а Филистејците се вратија во својот крај. 47 Кога Саул ја зацврсти својата царска власт над Израел, се сврте да војува против сите свои непријатели наоколу: против Моав, против Амонците, против Едом, против царот на Сова и против Филистејците; каде и да се завртеше секаде победуваше. 48 Даде многу докази за својата храброст, ги порази Амаликците и го избави Израел од рацете на оние кои што го ограбуваа. 49 Саулови синови беа: Јонатан, Исух и Мелхи-Суј, а од неговите две ќерки постарата се викаше Мерава, а помладата Михала. 50 Сауловата жена се викаше Ахиноама, а беше ќерка Ахимасова. Војводата на неговата војска се викаше Авенир, а му беше син на Нир, Сауловиот чичко. 51 Зашто Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, беа синови Авилови. 52 Жестока војна се водеше против Филистејците за време на сиот Саулов век. И кого и да видеше Саул храбар и боевит човек, секого го земаше во своја служба.
1 Еднаш Самоил му рече на Саула: „Господ ме испрати мене за да те помажам за цар над Неговиот народ, Израел. И така послушај ги Господовите зборови. 2 Господ над Воинствата зборува вака: ‘Одлучив да се одмаздам за она што Амалик му направил на Израел, затворајќи му го патот кога излегуваше од Египет. 3 Сега оди и удри на Амалик, изврши проклето уништување, врз него и врз сè што има; не поштедувај го, погуби ги мажите и жените, децата и доилчињата, говедата и овците, камилите и ослиците!’” 4 Саул го свика народот да го преброи во Телаим: беа две стотини илјади пешаци (и десет илјади Јудејци). 5 Саул дојде до Амаличкиот град и постави заседа во долината на потокот. 6 Потоа Саул им порача на Кенејците: „Отидете и одвоете се од Амаликците за да не ве истребам заедно со нив, зашто им бевте наклонети на сите Израелци кога излегуваа од Египет.” И Кенејците се одвоија од Амаликците. 7 Саул ги порази Амаликците од Авила па сè до Сур, кој лежи пред Египет. 8 И го фати жив Агаг, амаличкиот цар, а сиот народ го сотре со острилото на мечот, извршувајќи клето уништување. 9 Но Саул и народот ги поштедија Агаг и најдобрите овци и најдобрите говеда, згоената стока и јагнињата, и сè што беше добро. Не сакаа да извршат клето уништување над сè тоа; туку над тоа што беше без цена и вредност од добитокот, врз тоа извршија проклето уништување. 10 Затоа му дојде Господовото слово на Самоила вака: 11 ”Се кајам што го поставив Саула за цар: се сврти од Мене и не ги исполни Моите заповеди.” Самоил се нажали, и цела ноќ извикнуваше кон Господа. 12 Рано наутро Самоил тргна за да го побара Саула. И му јавија на Самоила вака: „Саул отиде во Кармил, и ете, си подигна таму споменик; потоа отиде натаму и слезе во Галгал.” 13 Кога Самоил дојде кај Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа! Ја извршив Господовата заповед.” 14 Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?” 15 А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сè друго истребивме!” 16 А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.” А тој рече: „Зборувај”. 17 Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел. 18 Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’ 19 Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?” 20 Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците. 21 Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.” 22 А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни; 23 непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!” 24 Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање. 25 А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.” 26 Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.” 27 Кога Самоил се сврте за да си отиде, Саул го фати цврсто скутот на неговата наметка, но скутот се отцепи. 28 Тогаш Самоил му рече: „Денес Господ ти го отцепи царството над Израел и му го даде на твојот сосед, кој е подобар од тебе.” 29 Сепак Силниот Израелев Светец не лаже и не се кае, зашто не е човек за да се кае. 30 Саул рече: „Согрешив; но сега направи ми чест пред старешините на мојот народ и пред Израел и врати се со мене, за да Му се поклонам на Господа, на твојот Бог.” 31 И Самоил се врати со Саула, и Саул му се поклони на Господа. 32 Потоа Самоил заповеда: „Доведете го при мене Агаг, амаличкиот цар!” И Агаг дојде при него весело и рече: „Навистина, горчината на смртта одминала!” 33 Самоил му одговори: „Како што твојот меч им ги одзеде децата на многу жени, така твојата мајка ќе остане меѓу жените без дете!” И Самоил го сосече Агага пред Господа во Галгал. 34 Потоа Самоил отиде во Рама, а Саул се врати во својот дом, во Сауловата Гаваја. 35 И Самоил не го виде веќе Саула до својот смртен ден. Самоил тажеше заради Саула, ама Господ воздивна што го постави Саула за цар над Израел.
1 Господ му рече на Самоила: „До кога ќе тажиш заради Саула, кога Јас го отфрлив, за да не царува веќе над Израел? Наполни го својот рог со масло и тргни на пат! Јас те праќам при Витлеемецот Јесеј, зашто си избрав цар од неговите синови.” 2 А Самоил рече: „Како би можел да одам таму? Саул ќе чуе за тоа, и ќе ме убие!” Ама Господ му одговори: „Земи со себе јуница па речи: ‘Дојдов за да Му жртвувам на Господа,’ 3 и повикај го Јесеја на жртвата, а Јас Самиот ќе те поучам што ќе правиш: ќе го помажеш оној кого што ќе ти го посочам.” 4 Самоил направи како што му рече Господ. Кога дојде во Витлеем, градските старешини му дојдоа треперејќи во пресрет и го прашаа: „Значи ли мир твоето доаѓање?” 5 Самоил одговори: „Да, мир! Дојдов да Му жртвувам на Господа. Очистете се и дојдете со мене на жртвата!” Потоа ги очисти Јесеја и неговите синови и ги повика на жртва. 6 Кога дојдоа и кога Самоил го виде Елијав, си рече во себеси: „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!” 7 Но Господ му рече на Самоила: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.” 8 Потоа Јесеј го повика Авинадава и го доведе пред Самоила. А тој рече: „Господ не го избра ни овој.” 9 Тогаш Јесеј го доведе Сама, ама Самоил рече: „Господ не го избра ни овој.” 10 Така Јесеј ги доведе своите седум синови пред Самоила, ама Самоил рече: „Господ не избра ниеден од овие.” 11 Потоа го праша Јесеја: „Дали се тоа сите твои синови?” А тој одговори: „Остана најмладиот, тој е на пасиште, по стадото.” Тогаш Самоил му рече на Јесеја: „Испрати по него, зашто нема да седнам покрај столот додека тој не дојде.” 12 Јесеј испрати по него: тоа беше румен момок, со убави очи и убава става. И Господ му рече на Самоила; „Стани помажи го: тој е!” 13 Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден. А Самоил тргна на пат и отиде во Рама. 14 Господовиот Дух беше отстапил од Саула, а еден зол дух, од Господа, почна да го вознемирува. 15 Тогаш на Саула му рекоа неговите слуги: „Еве Божји зол дух те вознемирува. 16 Затоа нашиот господар нека заповеда, па твоите слуги ќе побараат човек, кој знае да свири со лира: кога ќе те нападне Божјиот зол дух, оној нека свири во лирата, па ќе ти биде подобро.” 17 Саул им рече на своите слуги: „Најдете ми човек, кој умее да свири вешто со лира и доведете го кај мене!” 18 Еден од неговите слуги одговори: „Јас видов еден син на Витлеемецот Јесеј: тој умее да свири со лира, храбар човек е, и човек воин, вешт говорник е, со убава става, и Господ е со него.” 19 Тогаш Саул му испрати гласници на Јесеј и му порача: „Испрати ми го својот син Давид кој е кај стадото!” 20 А Јесеј зеде пет лебови, мев со вино и му ги испрати на Саула по својот син Давид. 21 И Саул го возљуби многу, и Давид стана негов штитоносец. 22 Потоа Саул испрати кај Јесеја и му порача: „Давид нека остане кај мене во служба, зашто ја придоби мојата наклонетост.” 23 И кога Божјиот зол дух ќе го нападнеше Саула, Давид ја земаше лирата и свиреше; тогаш му олеснуваше на Саула, и му стануваше подобро, а лошиот дух заминуваше од него.
1 Филистејците ги собраа своите чети и се состанаа кај Сокхот во Јудеја. Се влогорија меѓу Сокхот и Азика кај Ефес Дамим. 2 А Саул и Израелците се собраа и се влогорија во Теребинската Долина и се наредија за бој против Филистејците. 3 Филистејците стоеја на гората од едната страна, Израелците на гората од другата страна, а долината беше меѓу нив. 4 Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа. 5 На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли. 6 На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит. 7 Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец. 8 Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене! 9 Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.” 10 Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!” 11 Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет. 12 Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините. 13 Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама. 14 Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула. 15 Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем. 16 А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни. 17 А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот. 18 А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот! 19 Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.” 20 Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик. 21 Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други. 22 Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето. 23 Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу. 24 А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати. 25 Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.” 26 Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?” 27 А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.” 28 А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!” 29 А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?” 30 Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат. 31 Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе. 32 Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.” 33 Ама Саул му одговори на Давида: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост.” 34 Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото, 35 јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев. 36 Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.” 37 Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите кани и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.” Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!” 38 Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп. 39 Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе. 40 Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот. 41 А Филистеецот сè поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него. 42 А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице. 43 Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?” И почна да го проколнува Давида со своите богови. 44 Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!” 45 А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика. 46 Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел. 47 И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.” 48 Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот. 49 Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата. 50 Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката. 51 Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство. 52 Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сè до Гат и до Акарон. 53 Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор. 54 А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор. 55 Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?” А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!” 56 А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!” 57 А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката. 58 Саул го праша: „Чиј син си ти момче?” А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.”
1 Кога Давид го заврши разговорот со Саула, Јонатановата душа се наклони кон Давидовата душа, и Јонатан го возљуби како самиот себеси. 2 Саул го задржа Давида во оној ист ден кај себе, не го остави да се врати во куќата на својот татко. 3 И Јонатан склучи сојуз со Давида, зашто го љубеше како самиот себе. 4 И Јонатан ја симна наметката што ја имаше на себе и му ја даде на Давида; така и својата облека, па и својот меч, својот лак и својот појас. 5 Во сите свои походи, каде и да го праќаше Саул, Давид постапуваше разумно, и Саул го постави на чело на своите воини; тој му замилеа на сиот народ, па и на Сауловите дворјанци. 6 При нивното враќање, кога Давид се враќаше откако го уби Филистеецот, жените од сите Израелеви градови му излегоа во пресрет на царот Саул воскликнувајќи весело, пеејќи и играјќи при звуци на тапани и гуслиња. 7 Жените пееја играјќи: „Саул погуби илјади, Давид десетици илјади.” 8 Саул се расрди многу, не му беше мила таа песна. Затоа рече: „На Давида му дадоа десетици илјади, а мене само илјада! Уште му треба само царството!” 9 И од тој ден Саул го гледаше Давида со омраза. 10 Утреден зол Божји дух го нападна Саула, така што беснееше по куќата. Давид удираше со раката по лирата како во другите денови, а Саул имаше копје во раката. 11 И Саул го фрли копјето велејќи во себе: „Сега ќе го заковам Давида за ѕидот!” Но Давид му избега двапати. 12 Саул почна да се бои од Давида, зашто Господ беше со него, а отстапи од Саула. 13 Затоа Саул го отстрани од својата близина и го постави за илјадник; тој излегуваше и се враќаше на чело на народот. 14 Давид имаше успех во сите свои патишта, зашто Господ беше со него. 15 Кога Саул виде дека Давид има многу успеси, го опфати страв од него. 16 Ама Давид им замилеа на сиот Израел и на Јуда, зашто тој ги водеше по сите нивни патишта. 17 Саул му рече на Давида: „Еве ќе ти ја дадам за жена својата најстара ќерка Мерава, само биди ми храбар и води ги Господовите боеви!” Саул мислеше: „Нема да падне од мојата рака, туку нека се крене на него филистејската рака!” 18 А Давид одговори: „Кој сум јас и што значи мојот живот, што куќата на мојот татко, во Израел, за да бидам царев зет?” 19 И кога дојде време Сауловата ќерка Мерава да тргне со Давида, му ја дадоа за жена на Адрил од Меола. 20 Ама Давида го љубеше Сауловата ќерка Михала; кога му јавија тоа на Саула, му беше право. 21 Тој рече во себе: „Ќе му ја дадам, ама таа ќе му биде стапица, и филистејската рака ќе се дигне на него.” Саул по вторпат му рече на Давида: „Денес ќе ми бидеш зет.” 22 Тогаш Саул им заповеда на своите слуги вака: „Разговарајте со Давида тајно и речете му: ‘Ете, му замиле на царот, и сите негови дворјани те сакаат; затоа биди царев зет!’” 23 И Сауловите слуги му ги повторија тие зборови на Давида, ама Давид им одговори: „Зар е во вашите очи нешто мало да се стане царев зет? Јас сум само беден и мал човек!” 24 Сауловите слуги му го соопштија тоа на Саула, велејќи: „Еве ти ги зборовите што ги рече Давид.” 25 А Саул одговори: „Речете му на Давида вака: ‘Царот не бара никаков свадбен подарок туку само сто филистејски обрезоци, за да им се одмазди на царевите непријатели.’” Саул мислеше така ќе го урне Давида во рацете на Филистејците. 26 Сауловите слуги му ги соопштија тие зборови на Давида, а нему му беше по волја да стане царев зет. Уште пред да истече времето 27 Давид се подготви и тргна со своите луѓе па им уби на Филистејците две стотини луѓе; и ги донесе нивните обрезоци и му ги предаде на царот на број, за да стане негов зет. Тогаш Саул му ја даде својата ќерка Михала за жена. 28 Саул виде јасно дека Господ е со Давида и дека сиот Израелев дом го љуби. 29 И Саул се исплаши уште повеќе од Давида и му стана непријател на Давида засекогаш. 30 А филистејските кнезови излегуваа во бој, ама колку пати и да излегуваа, Давид имаше повеќе успеси отколку сите Саулови дворјани; и така неговото име стана многу славно.
1 Саул им ја образложи на својот син Јонатан и на сите свои дворјани својата намера да го убие Давида. Но Јонатан, Сауловиот син, мошне многу се радуваше на Давида. 2 И Јонатан тоа му го соопшти на Давида вака: „Мојот татко Саул има намера да те убие. И така биди внимателен утре наутро, остани во скривалиштето и скриј се. 3 А јас ќе излезам и ќе стојам покрај мојот татко во полето каде што ќе бидеш ти, и ќе зборувам за тебе со мојот татко. Кога ќе научам како е, ќе ти јавам.” 4 Јонатан му го пофали Давида на својот татко и му рече вака: „Царот нека не се огреши за својот слуга Давид, зашто тој ништо не згрешил за тебе; спротивно, тоа што го правеше беше од голема полза за тебе. 5 Тој го стави својот живот на коцка, го уби Филистеецот, и Господ му прибави голема победа на сиот Израел: виде и се радуваше. И така зошто би згрешил за невина крв, убивајќи го Давида без причина?” 6 Саул ги сослуша Јонатановите зборови и се заколна: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!” 7 Тогаш Јонатан го повика Давида и му ги кажа тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давида кај Саула, и Давид пак ја доби службата што ја имаше порано. 8 И пак избувна војна, Давид излезе на боиште за да се бори со Филистејците; и ги порази така што избегаа пред него. 9 Тогаш лошиот Божји дух го обзеде Саула; кога седеше во својата куќа со копјето во раката, а Давид свиреше со лирата, 10 Саул се обиде да го прикове Давида со своето копје за ѕидот. Давид побегна и се спаси 11 Во истата ноќ Саул испрати гласници за да ја надгледуваат Давидовата куќа, зашто сакаше да го убие Давида рано наутро. Но Давидовата жена Михала му го соопшти тоа на Давида, говорејќи: „Ако ноќеска не избегаш на безбедно место, утре ќе бидеш мртов!” 12 Тогаш Михала го спушти Давида низ прозорецот. Тој си отиде и се спаси со бегство. 13 А Михала го зеде кипот, го положи во постела, му стави козји влакна околу главата и го покри со покривка. 14 Кога Саул испрати гласници за да го фатат Давида, таа им рече: „Болен е.” 15 Но Саул ги врати гласниците за да го видат Давида, и им заповеда: „Донесете го кај мене во постела, за да го убијам!” 16 А кога гласниците влегоа, ете: во постелата беше кипот, со козина околу главата! 17 Тогаш Саул и рече на Михала: „Зошто ме измами така и го пушти мојот непријател да побегне и да се спаси?” А Михала му одговори на Саула: „Тој ми рече: ‘Пушти ме да си одам, или ќе те убијам!’” 18 Така Давид избега и се спаси. И тој отиде кај Самоила во Рама и му јави за сè што му направи Саул. Потоа тој и Самоил отидоа и се настанија во Најот. 19 А на Саула му јавија вака: „Ене го Давид во Најот во Рама.” 20 Тогаш Саул испрати гласници за да го фатат Давида. Кога тие видоа пророчки собир во пророчки занес, а Самоил на нивно чело, Божјиот Дух ги опфати и Сауловите гласници, та и тие пророкуваа. 21 Кога му го јавија тоа на Саула тој испрати други гласници, но и тие пророкуваа. Потоа Саул испрати и трети гласници, ама и тие пророкуваа. 22 Тогаш Саул тргна сам во Рама, и кога дојде до големиот кладенец кај Сокхот, праша: „Каде се Самоил и Давид?” И му одговорија: „Ене ги во Најот во Рама.” 23 Тој веднаш тргна кон Најот во Рама. Но и него го обзеде Божји Дух, па одеше во пророрчки занес сè додека не дојде во Најот во Рама. 24 Таму и тој ги соблече своите облеки зашто и него го обзеде занес пред Самоила; потоа легна гол и остана така целиот тој ден и сета ноќ. Оттогаш се вели: „Зар е и Саул меѓу пророците?”
1 Давид избега од Најот во Рама и дојде кај Јонатана та му рече: „Што направив? Каква беше мојата вина и што му згрешив на татка ти, та го бара мојот живот?” 2 А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?” 3 Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.” 4 Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?” 5 А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта. 6 Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’ 7 Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби. 8 И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?” 9 А Јонатан му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Кога би знаел веродостојно дека мојот татко наумил цврсто за да навали несреќа врз тебе, зар јас не би ти јавил?” 10 Давид го праша Јонатана: „А кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори нешто лошо?” 11 Јонатан му одговори на Давида: „Дојди, да излеземе во полето!” И двајцата излегоа во полето. 12 Тогаш Јонатан му рече на Давида: „Господ Израелевиот Бог, нека ми биде сведок! Јас ќе го искушам татка си, утре во ова време. Ако биде добро за Давида, а јас не испратам кај тебе за да те известам, 13 Господ нека му го направи тоа зло на Јонатана и нека му додаде друго зло! Ако на татка ми му биде мило да ти направи зло, ќе ти јавам, и ќе те пуштам да си отидеш во мир; и Господ нека биде со тебе, како што беше со мојот татко! 14 Ако јас уште бидам жив, ќе можеш да ми ја искажеш Господовата милост; 15 Ако умрам, не крати му ја твојата добрина на мојот дом довека! Кога Господ ќе ги откорне редум Давидовите непријатели од лицето на земјата, 16 Јонатан се заветува со домот Давидов, дека Господ ќе бара сметка за тоа од рацете на Давидовите непријатели.” 17 Тогаш Јонатан му се заколна уште еднаш на Давида во својата љубов, зашто го љубеше со сета љубов на својата душа. 18 Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно. 19 Задутре ќе види уште поочигледно дека те нема, а ти дојди на местото каде што се скри во денот на оној настан, и седни при каменот Езел. 20 А јас ќе фрлам три стрели кон онаа страна како да гаѓам цел. 21 А тогаш ќе го испратам момокот и ќе му речам: ‘Оди! најди ја стрелата!’ Ако тогаш му викнам на момокот ‘Внимавај стрелата е ваму поблизу од тебе, донеси ја!’ - ти тогаш дојди, зашто има мир за тебе и нема никаква опасност, така ми живиот Господ! 22 Ако му викнам на момокот: ‘Внимавај! стрелата е онаму подалеку од тебе’ - ти тогаш отиди си, зашто Господ те праќа оттука. 23 А за овој договор, за кој се договоривме јас и ти, Господ нека е сведок меѓу мене и тебе довека!” 24 Потоа Давид се скри во полето. И кога излезе нов месец царот седна покрај столот за да јаде. 25 Царот седна на своето вообичаено место, на местото до ѕидот, Јонатан се смести спроти него, Авенир седна покрај Саула, а Давидовото место остана празно. 26 Ама Саул не рече ништо во оној ден, зашто мислеше: „Му се случило нешто, та не е чист.” 27 Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?” 28 А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем. 29 Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.” 30 Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти! 31 Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.” 32 А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?” 33 Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида. 34 Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди. 35 Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок. 36 И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.” И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него. 37 Кога момокот дојде до местото каде што беше стрелата, што ја фрли Јонатан, Јонатан му викна на момокот: „Не е ли стрелата онаму подалеку од тебе?” 38 Уште Јонатан му викна на момокот: „Побргу! Побрзај! Не стој!” Јонатановиот момок ја крена стрелата и му ја донесе на својот господар. 39 Момокот не забележа ништо, само Јонатан и Давид знаеја за што се работи. 40 Тогаш Јонатан му го предаде оружјето на момокот и му рече: „Оди си и однеси го тоа во градот!” 41 Кога си отиде момокот, Давид излезе од кон југ, падна ничкум на земјата и се поклони трипати. Потоа се изљубија и плачеа заедно, но Давид плачеше повеќе. 42 Потоа Јонатан му рече на Давида: „Оди си во мир! За тоа што двајцата се заколнавме во Господовото име, Господ нека биде сведок меѓу мене и тебе, меѓу моето потомство и твоето потомство довека!” Тогаш Давид стана и си отиде, а Јонатан се врати во градот.
1 Давид дојде во Ноб кај свештеникот Ахимелех. Овој треперејќи тргна во пресрет на Давида и го праша: „Зошто си сам и нема никој со тебе?” 2 А Давид му одговори на свештеникот Ахимелех: „Царот ми даде налог и ми рече: ‘Никој нека не знае зошто те праќам и што ти заповедав!’ А момчињата ги испратив да ме пречекаат на тоа и тоа место. 3 А сега ако имаш при рака пет лебови, дај ми ги, или нешто што ќе се најде!” 4 А свештеникот му одговори на Давида: „Немам при рака обичен леб, туку само свет леб; ама само ако твоите момци се воздржале од жена.” 5 Давид му одговори на свештеникот вака: „Сосем безбедно! Жените ни беа воздржани, како и порано кога јас излегував, и телата на момците се чисти. Иако е ова обичен пат, навистина денес се чисти со телата.” 6 Тогаш свештеникот му даде свет леб, зашто немаше друг леб таму освен жртвениот, оној што беше отстрануван од пред Господа за да се замени со топол леб, во денот кога се зема. 7 Таму во истиот ден беше еден од Сауловите слуги, се задржал пред Господа; се викаше Доик Идумеец, а беше надгледувач на Сауловите пастири. 8 Давид го праша Ахимелеха: „А немаш ли тука при рака некакво копје или меч? Не го зедов со себе ни својот меч ни своето оружје, зашто царскиот налог беше итен.” 9 А свештеникот му одговори: „Тука е мечот на Филистеецот Голијат, на оној кого што го уби во Илинската Долина; завиткан е во плаштеница и е положен зад наплеќникот; ако сакаш да го земеш, само земи го, зашто друг освен него нема тука.” А Давид одговори: „Таков веќе нема, дај ми го!” 10 Потоа Давид стана и избега во оној ден далеку од Саула, и дојде кај Ахис, царот на Гат. 11 А Ахисовите дворјани му рекоа на својот цар: „Не е ли тоа Давид, царот на земјата? Тоа е оној за кого пееја, играјќи: ‘Саул порази илјади, Давид десетици илјади.’” 12 Давид се замисли за тие зборови и многу се исплаши од гатскиот цар Ахис. 13 Тогаш Давид почна да се преправа пред нив како да е умоболен и се владееше како безумник во нивните раце: тропаше по вратите и оставаше да му тече лига низ брадата. 14 Тогаш Ахис им рече на своите дворјани: „Гледате добро дека човекот е безумник! Зошто го доведувате кај мене? 15 Зар немам доста безумници та ми го доведувате овој, за да ми додева со своето лудило? Зар тој ќе влезе во мојата куќа?”
1 Давид си отиде оттаму и се засолна во пештерата Одолам. А кога го чуја тоа неговите браќа и сето негово семејство, слегоа онаму при него. 2 Освен тоа се собраа околу него сите кои беа во неволја, сите задолжени, сите незадоволни, и тој им стана водач. А ги имаше околу него до четири стотини луѓе. 3 Оттаму Давид отиде во Миспа во Моавската Земја и му рече на моавскиот цар: „Дозволи мојот татко и мојата мајка да се засолнат кај вас додека не видам што ќе направи Бог со мене.” 4 И ги остави кај моавскиот цар, и тие останаа кај него сè додека Давид беше во скривалиштето. 5 Ама пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во своето засолниште, туку оди и навлези во Јудината Земја.” И Давид отиде и навлезе во Аретската Гора. 6 Саул научи дека се појави Давид со луѓето кои беа со него. Саул токму беше во Гаваја; седеше под даб на ридот во Рама, со копје во раката, а околу него стоеја сите негови дворјани. 7 И Саул им рече на своите дворјани, кои беа околу него: „Послушајте ме Венијаминови синови! Дали и Јесејовиот син ќе ви подари ниви и лозја? Дали ќе ве постави сите за илјадници и стотници? 8 А зошто тогаш сите се заверивте против мене? Нема никој да ми јави кога мојот син склучи сојуз со Јесејовиот син, нема никој меѓу вас за да ме пожали и да ми открие како мојот син го разјари мојот слуга против мене, лежејќи во заседа, како што се случува денес?” 9 Тогаш проговори Идумеецот Доик, кој стоеше меѓу Сауловите дворјани и рече: „Јас го видов Јесејовиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, Ахитовиот син. 10 Овој побара за него совет од Господа, и му даде храна и му го предаде мечот на Филистеецот Голијат.” 11 Тогаш Саул заповеда да ги повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитов, и сето негово семејство, свештениците во Ноб и сите дојдоа пред царот. 12 Тогаш Саул рече: „Чуј ме, Ахитов сине!” А тој одговори: „Еве ме господару!” 13 А Саул го праша: „Зошто се заверивте против мене, ти и Јесејовиот син? Ти му даде леб и меч, и побара совет од Бога за него, за да се крене против мене, лежејќи во заседа како што се случува денес.” 14 Ахимелех му одговори на царот: „А кој му е рамен на Давида од сите твои слуги, толку верен, покрај тоа царев зет, главатар на твојата телесна стража, човек кој е почитуван во твојата куќа? 15 Зар јас денес за првпат барав совет од Бога за него? Далеку да е од мене! Нека царот не ги обвинува во ништо својот слуга и сето негово семејство, зашто неговиот слуга не знаеше ништо за тоа!” 16 Но царот одговори: „Ти ќе умреш Ахимелеху, ти и сето твое семејство!” 17 И царот им заповеда на телохранителите, кои стоеја околу него: „Пристапете и погубете ги Господовите свештеници, зашто и тие му помогнаа на Давида: знаеја дека е во бегство, а не ми јавија за тоа.” Но царските стражари не сакаа да кренат рака на Господовите свештеници, за да ги погубат. 18 Тогаш царот му заповеда на Доик: „Пристапи ти и погуби ги свештениците!” Идумеецот Доик пристапи и ги погуби свештениците: тој погуби во оној ден осумдесет и пет луѓе кои носеа ленен наплеќник. 19 И Ноб, свештеничкиот град, ги разурна со острилото на мечот, погубувајќи ги мажите и жените, децата и доилчињата, ослињата и овците, со острилото на мечот. 20 Се избави само еден син на Ахимелеха, синот Ахитов, по име Авијатар, и пребега кај Давида. 21 Авијатар му јави на Давида дека Саул ги искла Господовите свештеници. 22 А Давид му одговори на Авијатар: „Јас веќе во оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, знаев дека тој бездруго ќе му го јави тоа на Саула! Јас сум виновен за животите на твојот татков дом. 23 Остани кај мене, не бој се: кој ќе го бара твојот живот, ќе го бара мојот живот. Кај мене ќе бидеш чуван добро.”
1 Тогаш му јавија на Давида: „Филистејците ја опсадија Кеила и ги ограбуваа гумната.” 2 Тогаш Давид го праша Господа: „Дали треба да одам против Филистејците и дали ќе ги поразам?” А Господ му одговори на Давида: „Оди, ќе ги поразиш Филистејците и ќе ја ослободиш Кеила.” 3 Но неговите луѓе му рекоа на Давида: „Ете, ние сме веќе тука, во Јуда, во непрекратен страв; а што ли ќе биде ако отидеме во Кеила против филистејските чети!” 4 Затоа Давид Го праша Господа уште еднаш; а Господ му одговори вака: „Стани и слези во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!” 5 Тогаш Давид тргна со своите луѓе во Кеила, удри на Филистејците, го отера нивниот добиток и им зададе тежок пораз. Така Давид ги ослободи граѓаните на Кеила. 6 И кога Авијатар, синот Ахимелехов, пребега кај Давида, тој дојде во Кеила, носејќи наплеќник во раката. 7 Кога му јавија на Саула дека Давид влезе во Кеила, Саул рече: „Бог го предаде во мои раце, зашто го фатив во стапица кога влезе во град со порти и лостови.” 8 И Саул го свика сиот народ на оружје за да оди против Кеила и да ги опколи Давида и неговите луѓе. 9 Кога Давид научи дека Саул му крои зло, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го наплеќникот!” 10 Тогаш Давид се помоли: „Господи, Израелев Боже, твојот слуга чу дека Саул подготвува напад врз Кеила, за да го разори градот заради мене. 11 Дали Саул ќе дојде како што чу Твојот слуга? Господи, Израелев Боже, одговори му на Својот слуга!” А Господ одговори: „Ќе дојде!” 12 Давид праша пак: „Дали првенците на Кеила ќе ме предадат, мене и моите луѓе, во Сауловите раце?” А Господ одговори: „Ќе ве предадат!” 13 Тогаш Давид стана со своите луѓе, беа околу шест стотини; излегоа од Кеила и скитаа каде што можеа. А кога му јавија на Саула дека Давид избега од Кеила, се откажа од воениот поход. 14 Давид се засолна во пустината во горните засолништа; се настани на гората во пустината Зиф. Саул го бараше непрекратно, ама Бог не го предаде во неговите раце. 15 Давид се плашеше дека Саул излезе на војна за да нападне на неговиот живот. Затоа Давид остана во пустината Зиф во гората. 16 Тогаш Сауловиот син Јонатан тргна на пат и дојде кај Давида во Дубравата, и го охрабри во Божјо име. 17 Му рече: „Не бој се, зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор до тебе; и мојот татко Саул го знае тоа добро.” 18 И тие двајца склучија сојуз пред Господа. Давид остана во гората, а Јонатан си отиде во својот дом. 19 Еден ден Зифејците дојдоа кај Саула на Гаваја и му јавија: „Давид се крие кај нас во горските засолништа во Дубравата, на ридот Ехела, што е јужно од Гесимон. 20 Сега, цару, кога ќе сакаш да слезеш, слези, а наше е да го предадеме во рацете на царот.” 21 А Саул одговори: „Господ да ве благослови дека ме сожаливте! 22 И така, одете, распрашајте се уште и извидете го добро местото каде ќе го донесат неговите итри чекори; ми рекоа дека е многу лукав. 23 Затоа пребарајте ги сите дупки во кои што се завлекува, па вратете се кај мене кога ќе знаете подетално. Тогаш јас ќе тргнам со вас, па ако биде некаде во земјата, ќе одам по неговите траги низ сите Јудини родови.” 24 Тогаш тргнаа на пат и отидоа во Зиф, пред Саула. Давид со своите луѓе беше во пустината Маон во Араба, јужно од Гесимон. 25 Потоа и Саул тргна со своите луѓе, за да го бара Давида. Кога му го јавија тоа на Давида, тој слезе во клисурата што лежи во пустината Маон. Саул го научи тоа и тргна во потера по Давида во пустината Маон. 26 Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со своите луѓе по другата страна на планината. Давид мошне иташе за да му избега на Саула. Кога Саул со своите луѓе сакаше да премине на другата страна за да ги опколи Давида и неговите луѓе и за да ги фати, 27 дојде гласник кај Саула со порака: „Дојди побрзо, Филистејците навлегоа во земјата!” 28 Тогаш Саул се одрече од потерата по Давида и се заврте против Филистејците. Затоа она место беше наречено: Села-Амалекот (Клисура на Разминувањето).
1 Оттаму Давид се искачи и се настани во енгатските горски засолништа. Кога Саул се врати од потерата по Филистејците, му го јавија ова: „Давид е во Енгадската Пустина!” 2 Тогаш Саул зеде три илјади одбрани луѓе од сиот Израел и тргна да ги бара Давида и неговите луѓе на исток од Стрмната Стена на Дивите Кози. 3 Одејќи дојде до овчите кошари покрај патот, таму имаше пештера, и Саул влезе за да клекне; а Давид со своите луѓе седеше во дното на пештерата. 4 И му рекоа на Давида неговите луѓе. „Еве го денот за кој ти рече Господ: ‘Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака!’” А Давид стана и незабележливо го отсече скутот на Сауловиот плашт. 5 Но после го печеше совеста Давида зашто го отсече скутот од Сауловиот плашт, 6 па им рече на своите луѓе: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник.” 7 И Давид ги укори со остри зборови своите луѓе и не им дозволи да станат против Саула. А Саул излезе од пештерата и тргна по својот пат. 8 Потоа Давид стана и викна по Саула: „Господару цару!” А кога Саул се обѕрна, Давид се фрли ничкум на земјата и му се поклони. 9 Тогаш Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш луѓето што ти зборуваат дека Давид ти крои тебе пропаст? 10 Ете, токму во овој ден твоите очи можеа да видат дека Господ те предаде денес во мои раце во оваа пештера. Ми рекоа да те убијам, но те поштедив и реков: ‘Не ќе ги кренам своите раце на својот господар, зашто тој е Господов помазаник.’ 11 О татко мој, погледај и види го скутот од својата наметка во мојата рака: го отсеков скутот од твојот плашт, а тебе не те убив; сознај и види дека во мојата рака нема ни злоба ни опакост. Јас не згрешив против тебе, а ти дебнееш на мојот живот за да ми го земеш! 12 Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе. 13 Како што вели старата пословица: ‘Од неправедникот доаѓа неправдата,’ и затоа мојата рака нема да се дигне против тебе. 14 По кого излезе израелскиот цар? По кого одиш во потера? По мртов пес, по обична болва! 15 Господ нека биде судија, тој нека суди меѓу мене и тебе, нека ја испита и нека ја брани мојата работа и нека ми набави правда: нека ме избави од твојата рака!” 16 Кога Давид му ги изговори тие зборови на Саула, Саул одговори: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” И Саул заплака гласно. 17 Потоа му рече на Давида: „Поправеден си од мене, зашто ти ми направи мене добро, а јас ти направив тебе зло. 18 А денес ја овенча својата добрина кон мене, зашто Господ ме предаде во твоите раце, а ти не ме уби. 19 Кога човек ќе го најде својот непријател, го пушта ли да оди мирно по својот пат? Господ нека ти плати за она добро што ми го направи денес! 20 Сега знам веродостојно дека навистина ќе бидеш цар и дека царството над Израел ќе се одржи трајно во твојата рака. 21 Затоа заколни ми се сега во Господа дека нема да го сотреш моето потомство по мене и дека нема да го избришеш моето име од мојот татков дом!” 22 Давид му се заколна на Саула, Саул си отиде во својата куќа, а Давид се врати со своите луѓе во горските засолништа.
1 Тогаш Самоил умре. Сиот Израел се собра и го исплака тажејќи по него; и го закопаа во неговиот роден крај во Рама. А Давид стана и слезе во пустината Фаран. 2 Во Маон живееше човек кој имаше свој имот во Кармил; тоа беше многу богат човек, имаше три илјади овци и илјада кози. Токму тогаш ги стрижеше своите овци во Кармил. 3 Тој човек се викаше Навал, а неговата жена Авигеја. Жена му беше убава и многу умна, а мажот суров и опак: беше Халевовец. 4 Давид чу во пустината дека Навал ги стриже своите овци. 5 Затоа испрати десет момоци наложувајќи им: „Одите горе во Кармил, отидете кај Навал и поздравете го во мое име. 6 И речете му вака на мојот брат: ‘Мир ти, мир на твојот дом, мир на сè што имаш! 7 Сега, слушам, ги стрижеш овците. А твоите пастири беа кај нас, не ги ѓибавме, ништо не им снема додека беа во Кармил. 8 Прашај ги своите слуги, и ќе ти кажат. Затоа овие момоци нека најдат милост пред тебе, зашто дојдовме во свечен ден. Дај им на своите слуги и на својот син Давид што ќе ти се најде при рака.’” 9 Давидовите момоци дојдоа и му ги повторија на Навала во Давидово име сите овие зборови, а потоа почекаа. 10 Ама Навал им одговори на Давидовите слуги вака: „Кој е Давид, кој е Јесејовиот син? Денес има многу слуги кои избегале од своите господари. 11 Зар да ги земам својот леб, својата вода, својот добиток што го заклав за своите стрижачи, па тоа да им го подарам на луѓето за кои не знам ни откаде се?” 12 Давидовите момоци се свртија и се вратија по својот пат. Кога се вратија, му ги јавија сите овие зборови на Давида. 13 А Давид им рече на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!” И го препашаа секој својот меч, и Давид го препаша својот, и околу четири стотини луѓе тргнаа по Давида, додека двеста останаа кај товарот. 14 А на Наваловата жена, Авигеја, и го јави еден од Наваловите слуги ова: „Ете, Давид испрати гласници од пустината, за да го поздрават нашиот господар, а тој ги истера. 15 А тие луѓе беа многу добри со нас; не нè ѓибаа, ништо не загинавме додека бевме во нивна близина, кога бевме во полето. 16 Ноќе и дење ни беа како тврдина за сето време додека бевме со нив пасејќи ги стадата. 17 Размисли сега и види што ќе направиш, зашто е готова погибелта на нашиот господар и на сиот негов дом; а тој е опак човек кому не може ништо да му се рече.” 18 Авигеја зеде бргу двеста лебови, два мевови со вино, пет зготвени овци, пет мерки пржено жито, сто гроздови суво грозје, двеста смоквини колачиња, и го натовари сè тоа на ослици. 19 И им заповеда на своите слуги: „Тргнете пред мене, а јас ќе идам по вас.” Ништо не му кажа на својот маж Навал. 20 Додека, јавајќи на осле, слегуваше зад горскиот завој, Давид со своите луѓе слегуваше спроти неа, така што таа се сретна со нив. 21 А Давид токму мислеше: „И така напразно го заштитував во пустината сè тоа што тој човек го имаше, и ништо не му снема од сè што имаше во сопственост! Сега ми враќа зло за добро! 22 Господ нека му го направи на Давида ова зло и нека му додаде друго, ако до мугрите му го оставам на Навала од сè што има и она што мокри покрај ѕид!” 23 Кога Авигеја го здогледа Давида, брзо слезе од ослето и падна пред Давида ничкум, поклонувајќи се до земја. 24 Откако му се фрли така пред нозете, рече: „Господару, нека вината падне врз мене! Дозволи и на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на својата слугинка. 25 Мојот господар нека не гледа на оној опак човек, на Навал, зашто тој со право го носи своето име: се вика безумник и лудоста е со него. А јас, твојата слугинка, не ги видов момоците кои ги испратил мојот господар. 26 Затоа сега, господару, живиот ми Господ, и така да бидеш жив ти, и така ти Господа, Кој те запази за да не навалиш врз себеси крвна кривица и за да не ја набавиш за себе правдата со својата рака: нека поминат како Навала твоите непријатели и оние кои му кројат зло на мојот господар! 27 А овој подарок, што твојата слугинка му го носи на својот господар, нека им биде даден на момоците кои што одат по мојот господар на неговите патишта. 28 Прости и ја вината на својата слугинка! Навистина Господ ќе му основе траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви, и за време на сиот твој живот нема да се најде зло на тебе. 29 Ако некој се дигне да те гони и да ти работи за главата, животот на мојот господар нека биде сохранет во ризницата на животот кај Господа, твојот Бог, а животот на твоите непријатели нека го фрли Тој како од праќка. 30 И кога Господ ќе му го направи на мојот господар секое добро што ти го ветил, и кога ќе те одреди да бидеш кнез над Израел, 31 тогаш нека не му биде за смут ниту за гризење на совеста на мојот господар дека пролеа крв за ништо и дека ја набави за себе правдата со својата рака. И кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, тогаш спомни си за својата слугинка!” 32 Давид и одговори на Авигеја: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет! 33 Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака. 34 Ама, така ми живиот Господ, Израелевиот Бог, Кој не дозволи да ти направам зло: да не ми излезеше така брзо во пресрет, навистина на Навала не ќе му останеше до утрото ни она што мокри покрај ѕид!” 35 Тогаш Давид го прими од нејзините раце она што му го беше донесла, и и рече: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе.” 36 Кога Авигеја се врати кај Навал, тој токму имаше гозба во куќата, вистинска царска гозба: Навал беше весел и сосем пијан; затоа таа не му рече ништо додека не осамна утрото. 37 А наутро, кога Навал се отрезни, му раскажа неговата жена сè што се случило, а нему му замре срцето во градите, и тој остана како да се скаменил. 38 А на десеттина дена потоа Господ го удри Навала, та умре. 39 Кога Давид чу дека умре Навал, рече: „Нека е благословен Господ, Кој ми ја исправи неправдата што ми ја направи Навал; и Господ го запази својот слуга да не направи зло, а ја навали Наваловата злоба на неговата глава!” Потоа Давид испрати порака до Авигеја дека ќе ја земе за жена. 40 Давидовите слуги дојдоа при Авигеја во Кармил и и рекоа: „Давид нè испрати кај тебе за да те земе за жена.” 41 А таа стана, се поклони до земјата и рече: „Еве ја твојата слугинка која е спремна да биде робинка и да ги мие нозете на слугите на својот господар!” 42 Потоа Авигеја стана и бргу го зајава ослето, а по неа тргнаа нејзините пет слугинки. Така отиде по Давидовите посланици и стана негова жена. 43 Давид се беше оженил и со Ахиноама од Езраел, и двете му беа жени. 44 Зашто Саул својата ќерка Михала, Давидовата жена му ја беше дал на Фалтиј, синот Лаисов од Галим.
1 Луѓето од Зиф дојдоа кај Саула и му јавија: „Давид се крие во Ехелското Брдо, спроти Гесимон.” 2 Тогаш Саул тргна на пат и слезе во пустината Зиф, а со него три илјади избрани Израелпци, за да го бара Давида во пустината Зиф. 3 Саул се влогори во подножјето на Ехелското Брдо, што е спроти Гесимон, покрај патот. Давид, кој престојуваше во пустината, забележа дека Саул дојде онаму за да го гони. 4 Затоа Давид испрати согледувачи и научи дека Саул навистина дошол. 5 Давид се крена и дојде до местото каде што се влогорил Саул. Таму Давид го здогледа местото каде што спиеја Саул и Авенир, синот Ниров, неговиот војвода: Саул спиеше среде логорот, а војската лежеше во круг околу него. 6 Давид им се обрати на Хетеецот Ахимелех и на Ависај, синот Серуин, а брат Јоавов, и им рече: „Кој ќе дојде со мене во логорот сè до Саула?” А Ависај одговори: „Јас ќе дојдам со тебе.” 7 И така Давид и Ависај стигнаа ноќта до војската: и ете, Саул лежеше и спиеше во логорот, а неговото копје беше закачено во земјата кај возглавјето. Авенир и војниците лежеа околу него. 8 Тогаш Ависај му рече на Давида: „Денес Бог ти го предаде твојот непријател во твои раце; затоа сега дозволи да го прободам за земјата со неговото сопствено копје, со еден единствен удар, друг не ми треба.” 9 Ама Давид му одговори на Ависај: „Не го убивај! Зашто кој ќе ја подигне својата рака на Господовиот помазаник и ќе остане неказнет?” 10 Уште продолжи Давид: „Живиот ми Господ, и Господ ќе го удри, или ќе дојде неговиот ден да умре, или ќе отиде во бој и ќе загине. 11 Да не ми даде Господ да кренам рака на Господовиот помазаник! Туку земи ги сега копјето што му е кај возглавјето и садот за вода, па да си одиме!” 12 И Давид ги зеде копјето и садот за вода што беа кај Сауловото возглавје, и тие си отидоа: никој ништо не виде ни забележа, никој не се разбуди, туку сите спиеја, зашто врз нив падна длабок сон од Господа. 13 Давид помина на другата страна и застана на врвот на гората на некоја далечина, така што меѓу нив беше големо пространство. 14 Тогаш им викна на војската и на Авенир, синот Ниров, вака: „Зар не ќе се одѕвиеш Авенире?” А Авенир се одѕва и праша: „Кој си ти што го вознемируваш царот?” 15 А Давид му одговори на Авенира: „Не си ли ти јунак? И кој ти е рамен во Израел? Па зошто тогаш не го чуваше царот, својот господар? Еден од воините слезе до вас за да го убие царот, твојот господар. 16 Не е убаво тоа што го направи. Така ми живиот Господ, заслуживте смрт што не го чувавте својот господар, Господовиот помазаник. Погледај сега каде е царевото копје и каде е садот за вода што му беше до возглавјето!” 17 Тогаш Саул го позна Давидовиот глас и праша: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” А Давид одговори: „Да, цару господару!” 18 И продолжи: „Зошто мојот господар го гони својот слуга? Што сум сторил? Каква вина е во мојата рака? 19 Затоа сега мојот господар и цар нека удостои да ги сослуша зборовите на својот слуга: Ако Господ те крева против мене, нека биде ублажено со приносница; ако тоа го прават човечките синови, нека бидат проклети пред Господа, зашто ме истераа, така што не можам да имам дел во Господовото наследство, како да ми зборуваа: ‘Оди, служи им на туѓите богови!’ 20 Затоа мојата крв нека не падне на земјата далеку од Господовото лице. Зашто Израелевиот цар излезе во лов на мојот живот, како кога некој гони еребица по планината.” 21 Тогаш Саул рече: „Згрешив! Врати ми се, сине Давиде, не ќе ти правам веќе зло, кога мојот живот денес беше толку мил во твоите очи. Да, работев безумно и тешко згрешив!” 22 А Давид одговори: „Еве го царевото копје, нека дојде еден од момците и нека го земе! 23 А Господ ќе му врати секому според неговата правда и според неговата верност: Денес Господ те предаде во мои раце, ама не сакав да кренам рака на Господовиот помазаник. 24 И ете, како што денес твојот живот беше мил во моите очи, така мојот живот нека биде мил во Господовите очи! И Господ нека ме избави од секоја неволја!” 25 А Саул му викна на Давида: „Биди ми благословен, сине Давиде! Бездруго ќе го извршиш своето дело и ќе успееш!” Потоа Давид си отиде по својот пат, а Саул се врати во своето место.
1 Давид си рече во себеси: „Сепак ќе загинам еден ден од Сауловата рака. Затоа нема ништо подобро за мене туку да се спасам во земјата на Филистејците. Тогаш Саул ќе прекрати да ме бара натаму по сите израелеви краеви, и ќе се избавам од неговата рака.” 2 И така Давид се крена и помина, со шест стотини луѓе што ги имаше, кај Ахис, синот Маохов, цар на Гат. 3 Давид се настани кај Ахис во Гат, тој и неговите луѓе, секој со своето семејство, а Давид со своите две жени, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. 4 Кога Саул научи дека Давид избега во Гат, веќе не го гонеше. 5 Давид му рече на Ахиса: „Ако најдов милост во твоите очи, нека ми дадат место во еден град во земјата, за да се населам во него. Зошто твојот слуга да живее кај тебе во царскиот град?” 6 Во истиот ден Ахис му го даде Сиклаг. Затоа Сиклаг им припаѓа до денешен ден на царевите на Јуда. 7 И Давид остана во Филистејската Земја една година и четири месеци. 8 Давид со своите луѓе излегуваше да ги ограбува Гесурците, Герзејците и Амаликците, зашто тоа беа древни жители на земјата од Телам преку Сур сè до Египетската Земја. 9 Давид ја запустуваше земјата не оставајќи во живот ни маж ни жена, ограбуваше овци и говеда, ослици, камили и облеки, и се враќаше да му го донесе сè тоа на Ахиса. 10 Ахис го прашуваше: „Каде ограбувавте денес?” А Давид одговараше дека ограбувале во Јудиниот Негев или во Ерамеилскиот Негев или во Кенејскиот Негев. 11 Давид не оставаше во живот ни маж ни жена за да ги доведе во Гат, зашто мислеше: „Би можеле да нè обвинат и речат: ‘Давид правеше така.’” Имаше таков обичај за сето време додека престојуваше во Филистејската Земја. 12 Ахис му веруваше на Давида и велеше во себе: „Толку се замразил со својот народ Израел! Затоа ќе ми биде слуга довека!”
1 Во она време Филистејците ги собраа своите чети за војна против Израел. И Ахис му рече на Давида: „Знај дека ќе идеш со мене во војска, ти и твоите луѓе!” 2 А Давид му одговори на Ахиса: „Добро! Сега ќе видиш што ќе направи твојот слуга!” А Ахис му одговори на Давида: „Добро! Затоа ќе те поставам да бидеш мој чувар довека.” 3 Самоил беше умрел, и сиот Израел го оплака тажејќи по него. Го закопаа во неговиот град Рама. А Саул ги беше истерал од земјата сите повикувачи на духови и врачеви. 4 Додека Филистејците се собираа та дојдоа и се влогорија кај Суним, Саул ги собра сите Израелци та се влогори во Гелвуе. 5 Кога Саул го здогледа филистејскиот логор, се исплаши и срцето му затрепери силно. 6 Саул го праша за совет Господа, но Господ не му даде одговор, ни во соништата, ни преку Уримот, ни преку пророците. 7 Затоа Саул им рече на своите слуги: „Побарајте ми жена која повикува духови, за да одам кај неа и да ја прашам.” А слугите му одговорија: „Еве, во Ен-Дор има жена која повикува духови.” 8 Тогаш Саул се преправи, облече други облеки и отиде со два човека. И дојде ноќе кај онаа жена и и рече: „Да ми вражаш со помош на дух и повикај ми го оној кого што ќе ти речам.” 9 А жената му одговори: „Па ти знаеш што направи Саул и како ги истреби од земјата повикувачите на духови и вражалците. Зошто му поставуваш стапица на мојот живот за да ме погубиш?” 10 А Саул и се заколна во Господа, говорејќи: „Така ми живиот Господ, не ќе бидеш ништо виновна за ова!” 11 Тогаш жената запраша: „Кого да ти го повикам?” А тој одговори: „Повикај ми го Самоила!” 12 Кога жената го здогледа Самоила, извика гласно, а тогаш му рече на Саула: „Зошто ме измами? Та ти си Саул!” 13 А царот и одговори: „Не бој се! Туку што гледаш?” А жената му одговори на Саула: „Гледам нешто божествено што се дига од земјата.” 14 Саул ја праша: „Какво му е обличјето?” А таа одговори: „Излегува старец, наметнат со плашт.” Тогаш Саул созна дека е тоа Самоил, па падна со лицето на земјата и се поклони. 15 Самоил го праша Саула: „Зошто го замати мојот мир повикувајќи ме горе?” А Саул одговори: „Во голема неволја сум, зашто Филистејците завојуваа против мене, а Бог се заврте од мене и не ми одговара веќе, ни преку пророците ни во соништата. Затоа те повикав тебе за да ме поучиш што да правам.” 16 А Самоил одговори: „Зошто ме прашуваш мене, кога Господ се одвратил од тебе и ти станал непријател? 17 Господ ти направи како што ти кажа преку мене: го истрга царството од твојата рака и му го даде на твојот соперник, Давид, 18 зашто не ги послуша Господовите зборови и зашто не го изврши Неговиот жесток гнев врз Амалик: затоа Господ ти направи вака денес. 19 Господ ќе го предаде, заедно со тебе, и Израел во филистејски раце. Утре со своите синови ќе бидеш со мене, а и војската Израелева Господ ќе ја предаде во филистејски раце.” 20 Саул беше опфатен од ужас и падна на земјата колку што е долг. Го опфати силен страв од Самоиловите зборови. И му ја потснема силата, зашто не јадеше ништо цел ден и цела ноќ. 21 Кога онаа жена дојде кај Саула и забележа како е сиот исплашен, му рече: „Ете, твојата слугинка го послуша твојот збор, го ставив својот живот на коцка и ги послушав твоите заповеди, што ми ги наложи. 22 Затоа сега послушај го и ти зборот на својата слугинка: дозволи да ти пружам залак леб; јади, за да ти се врати силата та да можеш да тргнеш по својот пат.” 23 Но тој нејќеше, туку рече: „Не ќе јадам!” Ама кога го зафатија неговите слуги, заедно со жената, ги послуша, стана од земјата и седна на постелата. 24 Жената имаше дома теле за гоење. Го закла брзо, потоа зеде брашно, го замеси и испече бесквасен леб. 25 Потоа стави сè пред Саула и пред неговите луѓе. Откако јадоа, станаа и уште во истата ноќ тргнаа назад.
1 Филистејците ги собраа сите свои чети во Афек, а Израелците го поставија својот логор кај изворот во Езраел. 2 Филистејските кнезови поминуваа со своите стотини и илјади, а Давид и неговите луѓе одеа сосем на крај со Ахис. 3 Филистејските кнезови прашаа: „Што сакаат тука овие Евреи?” А Ахис им одговори на филистејските кнезови: „Па ова е Давид, слугата на израелскиот цар Саул! Веќе година-две е кај мене, ама не најдов на него ништо сомнително од оној ден кога пребега кај мене па до денешниот ден.” 4 Но филистејските кнезови пламнаа на него и му рекоа: „Испрати го тој човек назад, нека се врати во местото што си му го определил. Нека не иде со нас во бојот, за да не се сврти против нас во бојот! Со што тој пак би му се замилел на својот господар, ако не со главите на овие наши луѓе? 5 Тоа е оној ист Давид за кого што се пееше играјќи: ‘Саул порази илјади, Давид десетини илјади.’” 6 Тогаш Ахис го повика Давида и му рече: „Живиот ми Господ, ти си чесен, и мене ќе ми беше мило да ме придружуваш во движењата на мојата војска, зашто не најдов никакво зло врз тебе од оној ден кога дојде кај мене па до денешниот ден. Ама не си мил во очите на кнезовите. 7 Затоа сега врати се и оди си со мир дома, за да не ги онерасположиш филистејските кнезови!” 8 Давид му одговори на Ахиса: „Та што сум сторил и што си забележал на својот слуга од оној ден кога стапив во твоја служба па до денешниот ден, за да не можам да одам да се борам со непријателите на својот господар цар?” 9 А Ахис му одговори на Давида: „Ти самиот знаеш дека си ми мил во моите очи како Божји Ангел, ама филистејските кнезови рекоа: ‘Нека не иде со нас во бој!’ 10 Затоа станете рано наутро, ти и слугите на твојот господар кои што дојдоа со тебе. И така, кога ќе станете рано наутро, штом се раздени, ќе си отидете!” 11 Така Давид со своите луѓе стана рано, и тргна веднаш наутро, и се врати во Филистејската Земја, а Филистејците отидоа во Езраел.
1 Кога Давид со своите луѓе стигна на третиот ден во Сиклаг, а тоа Амаликците беа нападнале на Негев и на Сиклаг; го ограбија Сиклаг и го спалија со оган. 2 Ги заробија жените и сите кои што беа таму, мало и големо. Не убија никого, туку само одведоа робови и си отидоа по својот пат. 3 И така, кога Давид со своите луѓе дојде во градот, видоа дека градот е изгорен, а нивните жени, нивните синови и нивните ќерки одведени во ропство. 4 Тогаш Давид и луѓето, кои беа со него, го кренаа гласот и плачеа додека не им ја снема силата за плачење. 5 И двете Давидови жени беа одведени во ропство, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. 6 Давид се најде во голема неволја, зашто луѓето почнаа да зборуваат дека ќе го каменуваат, бидејќи сите беа огорчени, секој заради своите синови и заради своите ќерки. Но Давид се охрабри во Господа, својот Бог. 7 Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!” И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот. 8 Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?” А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.” 9 И Давид тргна со шест стотини луѓе, кои беа со него, и дојдоа до потокот Восор. 10 Оттука Давид со четири стотини луѓе ја продолжи потерата, а останаа две стотини луѓе, кои беа толку уморни што не можеа да поминат преку потокот Восор. 11 Во полето најдоа еден Египетец. Го доведоа кај Давида, му дадоа леб да јаде и вода да пие. 12 Му дадоа дел од низаниците смокви и два грозда суво грозје. Кога го изеде тоа, се закрепна, зашто три дни и три ноќи немаше јадено леб и немаше пиено вода. 13 Тогаш Давид го праша: „Чиј си и откаде си?” А тој му одговори: „Јас сум Египетец, слуга на еден Амаличанин. Мојот господар ме остави зашто се разболев пред три дни. 14 Бевме навлегле во Херетскиот Негев и во Јудејскиот Негев, и во Халевовиот Негев, а Сиклаг го запаливме со оган.” 15 Давид го праша: „Сакаш ли да ме одведеш при таа разбојничка дружина?” А тој му одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме погубиш и дека нема да ме предадеш во рацете на мојот господар, па ќе те одведам кај нив!” 16 И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја. 17 И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа. 18 Така Давид избави сè што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид. 19 И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сè до синовите и ќерките, сè им беше грабнато: Давид врати сè. 20 Тогаш ги зедоа сите овци и говеда, ги дотераа пред него, викајќи: „Ова е пленот Давидов!” 21 Кога Давид дојде кај оние две стотини луѓе кои што беа изморени па не можеа да одат по Давида и кои што тој ги остави кај потокот Восор, тие им излегоа во пресрет на Давида и на неговата чета: откако им се приближија на Давида и на четата, ги поздравија. 22 Тогаш прозборуваа сите злобници и ништожници меѓу луѓето кои одеа со Давида, и рекоа: „Бидејќи не идеа со нас, да не им даваме ништо од пленот што го избавивме, туку само секому неговата жена и неговите деца, нека ги поведат со себе и нека си одат!” 23 Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, по она што ни го даде Господ: Тој нè чуваше и ни ја предаде во рацете разбојничката дружина, што беше излегла против нас. 24 Та кој ќе ве послуша во тоа? Зашто каков е делот на оној кој оди во бој, таков е делот на оној кој останува кај товарот. Сите нека имаат еднаков дел.” 25 Така остана од тој ден натаму. Давид го направи тоа со одредба и закон во Израел сè до денешниот ден. 26 Кога Давид дојде во Сиклаг, им испрати дел од пленот на старешините на Јуда, според нивните поединечни градови, со пораката: „Еве за вас подарок од пленот на Господовите непријатели!” 27 На оние во Ветил, на оние во Рама, во Негев, и на сите во Јатир; 28 на оние во Ароир и на оние во Сифмот, на оние во Естемо; 29 на оние во Ракал, на оние во ерамеилските градови и на оние во кенејските градови; 30 на оние во Орма; на оние во Хор Асан и на оние во Атах; 31 на оние во Хеврон; и во сите оние места во кои што доаѓал Давид со своите луѓе.
1 Филистејците завојуваа против Израелците, а Израелците избегаа пред нив и паѓаа убиени по гората Гелвуе. 2 Филистејците ги стигнаа Саула и неговите синови и ги погубија Сауловите синови Јонатана, Авинадава и Мелхи-Сува. 3 Бојот стана пожесток околу Саула. Го изненадија стрелци со лакови, и тој падна тешко ранет од стрелците. 4 Тогаш Саул му рече на својот оруженосец: „Извлечи го својот меч и прободи ме, за да не дојдат тие необрезаници та ме прободат и ми се наругаат.” Ама неговиот штитоносец се исплаши и не сакаше да го направи тоа. Затоа Саул го зеде мечот и се фрли на него. 5 Кога оруженосецот виде дека Саул умре, се фрли и тој на својот меч и умре со него. 6 Така во тој ден загинаа заедно со Саула, неговите три сина, неговиот оруженосец и сите негови луѓе. 7 Кога Израелците, кои беа на другата страна на долината и на другата страна на Јордан, видоа дека Израелевите синови избегаа и дека Саул загина со синовите, ги оставија своите градови та се разбегаа. Филистејците дојдоа и се населија во нив. 8 Кога утреден дојдоа Филистејците за да ги ограбат победените, ги најдоа Саула и неговите три сина каде што лежат на гората Гелвуе. 9 Тие му ја отсекоа главата и го симнаа од него оружјето, што го испратија по сета Филистејска Земја, јавувајќи им ја веселата вест на своите идоли и на народот. 10 Потоа го ставија оружјето во Астартиниот храм, а Сауловото мртво тело го приковаа врз ѕидот на градот Вет Сан. 11 Но кога оние во Галадскиот Јавис чуја што направија Филистејците со Саула, 12 станаа сите храбри луѓе и, откако одеа цела ноќ, ги зедоа Сауловото мртво тело и телата на неговите синови од ѕидот на градот Вет Сан, па ги донесоа во Јавис и таму ги изгореа. 13 Потоа ги зедоа нивните коски и ги закопаа под дабот во Јавис, и постеа седум дена.
1 По Сауловата смрт Давид се врати дома откако ги победи Амаликците. Два дена помина во Сиклаг. 2 На третиот ден дојде некој човек од Сауловиот логор, со скинати облеки и со глава посипана со прав. Откако дојде кон Давида се фрли на земја и му се поклони. 3 Давид го праша: „Од каде доаѓаш?” А тој му одговори: „Избегав од израелскиот логор.” 4 А Давид го праша: „Што се случило? Раскажи ми!” Тој одговори: „Народот избега од бојот, а многу луѓе и изгинаа. Мртви се и Саул и неговиот син Јонатан.” 5 Тогаш Давид го праша младото момче: „Како знаеш дека загинаа Саул и неговиот син Јонатан?” 6 А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа. 7 Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’ 8 И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’ 9 Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’ 10 Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.” 11 Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него. 12 И тажеа, плачеа и постеа до вечерта за Саула и за неговиот син Јонатан, за Господовиот народ и за Израелевиот дом што изгинаа од меч. 13 Потоа Давид го праша младиот гласник: „Од каде си ти?” А тој одговори: „Јас сум син на еден придојденик, Амаликец.” 14 Тогаш Давид му рече: „Како не се боеше да дигнеш рака за да го убиеш Господовиот помазаник?” 15 И Давид повика едно од момчињата и му заповеда: „Дојди тука и погуби го!” Момчето го удри, и тој умре. 16 А Давид уште му викна: „Твојата крв врз твојата глава! Твојата уста сведочеше против тебе кога рече: ‘Јас го убив Господовиот помазаник.’” 17 Тогаш Давид ја запеа оваа тажачка за Саула и за неговиот син Јонатан. 18 Запишана е во Праведниковиот книжен свиток, за да ја учат Јудините синови. Давид рече: 19 ”О, како ти падна славата, Израелу, изгинаа јунаци на твојата височина! 20 Не раскажувајте вие за поразот во Гат, не разгласувајте по аскалонските улици, за да не воскликнуваат младите филистејски ќерки. 21 О проклети Гелвујски Гори, роса да не паѓа врз вас, ниту дожд од небото да ве мие! Вашите полиња да не враќаат род за семе, зашто кај вас е исфрлен штитот на силните! Сауловиот штит не беше помазан со масло 22 туку со крвта на ранетите, со маста на паднатите! Јонатановиот лак никогаш не промашил, Сауловиот меч никогаш не беше неуспешен! 23 Саул и Јонатан, љубезни, сложни ни живи не се разделија, ниту во смртта! Беа побрзи од орлите, со снага посилни од лавовите! 24 Ќерки Израелки, сега плачете по Саула, зашто ве облекуваше во убаво црвено! Покрај тоа тој ви прицврстуваше златен накит на облеката. 25 Како загинаа јунаците сред бојот, Јонатан загина на твоите височини! 26 Жал ми е за тебе, брате, Јонатану! Колку многу ти ми беше мил! Твојата љубов ми беше уште почудесна од женската. 27 Ох, како загинаа јунаците, и како е скршено бојното оружје!”
1 Потоа Давид го праша Господа вака: „Треба ли да отидам во некој Јудин град?” А Господ му одговори: „Тргни!” Давид праша пак: „Каде да тргнам?” А одговорот беше: „Во Хеврон!” 2 Така Давид отиде таму, а со него и неговите две жени, Ахиноама од Езраел и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. 3 И луѓето кои беа со Давида отидоа со него, и се населија во гратчињата на Хеврон. 4 Тогаш дојдоа луѓе од Јуда и го помазаа таму Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида дека луѓето од Јавис во Галад го погребаа Саула. 5 Тогаш Давид испрати гласници кај Јависците во Галад и им порача: „Бидете благословени од Господа зашто го направивте тоа дело на љубов кон својот господар Саул и зашто го закопавте! 6 Затоа Господ нека ви ги искаже Својата милост и добрина, а и јас ќе ви направам добро затоа што направивте така. 7 А сега охрабрете се и бидете јунаци, зашто Саул, вашиот господар загина, а мене Јудиниот дом ме помаза за свој цар.” 8 Ама Авенир, Нировиот син, војвода на Сауловата војска, го зеде Сауловиот син Исвостеј и го доведе во Маханаим. 9 Таму го постави за цар над Галад, над Асур, над Езраел, над Ефрем, над Венијамин и над сиот Израел. 10 Но Исвостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години кога стана цар над Израел, а царуваше две години. Само Јудиниот дом го следеше Давида. 11 А Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци. 12 Потоа излезе Авенир, Нировиот син, со луѓето на Сауловиот син Исвостеј од Маханаим кон Гаваон. 13 Ама и Јоав, Серуиниот син, излезе со Давидовите луѓе од Хеврон и се сретна со нив кај Гаваонското Езеро. Таму застанаа, овие од едната страна на езерото, а оние од другата страна. 14 Тогаш Авенир му рече на Јоава: „Младците нека станат и нека се повеселат пред нас!” А Јоав одговори: „Нека станат!” 15 И станаа, па ги изброија: дванаесет од Венијамин за Исвостеј, Сауловиот син, и дванаесет од Давидовите луѓе. 16 И секој го фати својот противник за главата и му го закачи мечот во слабината, така што сите паднаа заедно. Затоа тоа место беше наречено Хелкат Асурим (Поле на Ножевите), а лежи кај Гаваон. 17 Потоа се заметна во тој ден многу жестока битка, и Давидовите чети ги разбија Авенира и Израелците. 18 А таму беа три Серуинови синови: Јоав, Ависај и Асаил; а Асаил беше брз при трчање како газела во полето. 19 И Асаил се стрча во потера по Авенира; во стапка го следеше Авенира не свртувајќи ни десно ни лево. 20 Авенир се обѕрна и праша: „Ти ли си, Асаилу?” А тој одговори: „Јас сум.” 21 А Авенир му рече: „Сврти надесно или налево па зграпчи еден од тие младци и земи му го неговото оружје!” Ама Асаил не сакаше да сврти од него. 22 Авенир му рече пак на Асаила: „Отстрани се од мене! Зошто да те составам со земјата? Како тогаш уште би смеел да излезам пред очите на твојот брат Јоав?” 23 Ама тој никако не сакаше да се отстрани. Затоа Авенир го удри со задниот дел на копјето во желудникот така што копјето му излезе низ плеќите надвор: тогаш тој падна и умре на место. И подзастануваше секој што ќе дојдеше на она место, каде што падна и умре Асаил. 24 А Јоав и Ависај продолжија да го гонат Авенира, а кога зајде сонцето, стигнаа до брежето Ама, што лежи спроти Гија, на патот кон Гаваонската Пустина. 25 Дотогаш Венијаминовите синови се собраа околу Авенира, составија дружина и застанаа на врвот на брежето Ама. 26 Тогаш Авенир му викна на Јоава: „Зар довека ќе не голта нас мечот? Не знаеш ли дека тоа ќе заврши со несреќа? Кога отпосле ќе им кажеш на своите луѓе да се откажат од гонењето на своите браќа?” 27 А Јоав одговори: „Така ми живиот Господ, да не проговореше ти, бездруго утре наутро овие луѓе ќе се откажеа од гонењето на своите браќа.” 28 Тогаш Јоав затруби во рог, и сета војска застана: прекратија да го гонат Израел и не го продолжија бојот. 29 Авенир и неговите луѓе одеа низ Араба цела онаа ноќ; потоа поминаа преку Јордан, го продолжија патот цело утро и најпосле стигнаа во Маханаим. 30 Кога Јоав се откажа од потерата по Авенира и кога ја собра целата војска, видоа дека од Давидовите луѓе нема деветнаесетмина, и Асаил покрај нив. 31 А Давидовите луѓе убија три стотини и шеесет луѓе од Венијаминовите синови, Авенирови војници. 32 Го дигнаа Асаила и го погребаа во гробот на неговиот татко во Витлеем. А Јоав и неговите луѓе одеа цела ноќ, и веќе се раздени кога стигнаа во Хеврон.
1 Војната меѓу Сауловата куќа и Давидовата куќа траеше уште долго време, но Давид сè повеќе јакнеше, а Сауловиот дом стануваше сè послаб. 2 На Давида му се родија синови во Хеврон. Првенец му беше Амнон, од Езраелката Ахиноама; 3 вториот му беше Хилеав, од Авигеја, Наваловата жена, од Кармил; третиот Авесалом, син на Маха, ќерка на гесурскиот цар Талмај; 4 четвртиот Адониј, син Агитин; петтиот Сефатиј, син Авиталин; 5 шестиот Итрам, од Егла, Давидова жена. Тие му се родија на Давида во Хеврон. 6 Додека траеше војната меѓу Сауловата куќа и Давидовата куќа, Авенир ја присвојуваше, малку по малку, сета власт во Сауловата куќа. 7 А во куќата беше Сауловата соложница по име Ресфа, ќерка Аина: неа ја зеде Авенир кај себе. А Исвостеј го праша Авенира: „Зошто и се доближи на соналожницата на мојот татко?” 8 На тие Исвостееви зборови Авенир се разгневи и рече: „Зар сум јас кучешка глава во Јуда? До денес им правев само добро на домот на твојот татко Саул, на неговите браќа и на неговите пријатели; не дозволив да паднеш во Давидовите раце, а ти ме прекоруваш денес заради обична жена! 9 Нека Бог му го направи на Авенира ова зло и нека му додаде друго ако не направам како што Господ му се заколна на Давида: 10 дека ќе и го одземе царството на Сауловата куќа и дека ќе го зацврсти Давидовиот престол над Израел и над Јуда од Дан до Вирсавеа!” 11 Исвостеј не се осмели да му одговори ни збор на Авенира, зашто се плашеше од него. 12 Тогаш Авенир му испрати гласници на Давида и му порача: „Чија е земјата?” Сакаше да рече: „Склучи сојуз со мене, и мојата рака ќе ти помогне да го собереш околу себе сиот Израел.” 13 Давид му одговори на Авенира: „Добро! Ќе склучам сојуз со тебе! Ама барам само едно од тебе: не смееш да ми излезеш пред очи, ако не ја доведеш со себе Михала, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да го видиш моето лице.” 14 Така, Давид испрати гласници и кај Исвостеј, Сауловиот син, со порака: „Врати ми ја мојата жена Михала што ја добив за сто филистејски обрезоци.” 15 Исвостеј испрати по неа и ја зеде од нејзиниот маж Фалтил, синот Лаисов. 16 А нејзиниот маж тргна со неа, и ја придружуваше плачејќи сè до Ваурим. Тогаш Авенир му рече: „Ајде, врати се сега дома!” И тој се врати. 17 Авенир веќе беше разговарал со Израелевите старешини и им рече: „Веќе одамна го сакате Давида за свој цар. 18 Направете го тоа сега, зашто Господ го рече за Давида ова: ‘Со раката на Својот слуга Давид ќе го избавам својот народ Израел од филистејските раце и од рацете на сите негови непријатели.’” 19 Така Авенир им зборуваше и на Венијаминовите синови, а тогаш отиде во Хеврон, за да му јави на Давида сè што им се допадна на Израел и на Венијаминовиот дом. 20 Кога Авенир дојде кај Давида во Хеврон, и со него дваесет луѓе, Давид им приреди гозба на Авенир и на луѓето кои беа со него. 21 Тогаш Авенир му рече на Давида: „Ајде! Јас ќе го соберам сиот Израел околу мојот господар царот: тие ќе склучат сојуз со тебе, и ти ќе царуваш над сите, над кои што сакаш.” Давид го отпушти Авенира, кој си отиде во мир. 22 И ете, токму Давидовите луѓе, со Јоав, се враќаа од четување, носејќи со себе богат плен, а Авенир веќе не беше кај Давида во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, та тој си отиде во мир. 23 Кога стигнаа Јоав и сета војска што одеше со него, му соопштија на Јоав дека Авенир, синот Ниров, беше дошол кај царот и дека царот го отпуштил со мир. 24 Тогаш Јоав дојде кај царот и му рече: „Што си сторил? Авенир дошол кај тебе, зошто го пушти да си оди во мир? 25 Зар не го знаеш Авенира, Нировиот син? Дојде за да те измами, за да ги научи твоите чекори, за да научи сè што правиш!” 26 Потоа Јоав излезе од кај Давида и испрати гласници по Авенира, кои што се вратија, од кладенецот Сира, а Давид не знаеше ништо за тоа. 27 Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе настрана зад вратата, како да сака да разговара со него насамо, и таму го рани смртно во слабините, за да се одмазди за крвта на својот брат Асаил. И тој умре. 28 Кога после Давид го чу тоа, рече: „Јас и моето царство сме невини пред Господа довека за крвта на Авенира, Нировиот син. 29 Нека падне врз Јоавовата глава и врз сиот негов татковски дом! Никогаш да не снема во Јоавовиот дом луѓе болни од гноење или од лепра, луѓе кои се потпираат на стап или кои паѓаат од меч, луѓе кои немаат леб!” 30 Јоав и неговиот брат Ависај го убија Авенира, зашто тој го погуби нивниот брат Асаил во бојот кај Гаваон. 31 Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!” И царот Давид тргна по носилката. 32 Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ. 33 Тогаш царот ја испеа оваа тажачка за Авенира: „Зар требаше да умре Авенир како што умира безумниот? 34 Твоите раце не беа врзани, твоите нозе не беа оковани. Падна како што се паѓа од злосторник!” И целиот народ почна да плаче уште повеќе над него. 35 Тогаш народот пристапи наговорувајќи го Давида да јаде додека е уште ден, ама Давид се заколна вака: „Господ нека ми направи такво зло и нека ми додаде друго зло, ако вкусам леб или нешто друго пред зајдисонце!” 36 Сиот народ го чу тоа, и му беше по волјата, како што народот одобруваше и сè друго што правеше царот. 37 Во тој ден сиот народ и сиот Израел созна дека царот не е виновен за убиството на Авенира, синот Ниров. 38 Тогаш царот им рече на своите дворјани: „Не знаете ли дека денес падна кнез и голем човек во Израел? 39 Ама јас сум сега уште слаб, иако сум помазан цар, а овие луѓе, синовите Серуини, се посилни од мене. Господ нека му плати на злосторникот според неговото злодејство!”
1 Кога Сауловиот син Исвостеј чу дека Авенир загина во Хеврон, рацете му се истоштија, и сиот Израел се вознемири. 2 А Сауловиот син Исвостеј имаше двајца водачи на своите чети: еден се викаше Вана, а вториот Рихав; му беа синови на Римон Вироќанецот од Венијаминовото племе, зашто Римон се вбројуваше кон Венијамина. 3 А Вироќанците беа пребегале во Гитаим, каде што останаа како придојденци до денешниот ден. 4 Сауловиот син Јонатан имаше син хром на двете нозе. Нему му беа пет години кога од Езраел дојде глас за Сауловото и Јонатановото загинување. Неговата гледачка го дигнала и избега, но заради брзината на бегството детето падна и остана хромо. Името му беше Мефивостеј. 5 Синовите на Вироќанецот Римон, Рихав и Вана, се кренаа и дојдоа во време на најголемата дневна горештина до куќата на Исвостеј, а тој токму ја спиеше пладневната починка. 6 (А вратарката, чистејќи пченица, беше задремала та спиеше.) И влегоа таму до средината на куќата како дека ќе земат жито, го удрија во желудникот и избегаа зашто 7 кога влегоа во куќата, тој лежеше на постелата во својата спална. Тие го убија, му ја отсекоа главата и ја зедоа и цела таа ноќ одеа по патот низ Араба. 8 Исвостеевата глава му ја донесоа на Давида во Хеврон и му рекоа на царот: „Еве ја главата на Исвостеј, Сауловиот син, твојот непријател кој ти работеше спроти главата. Господ денес го одмазди крваво мојот господар и цар врз Саула и врз неговиот род.” 9 Но Давид им одговори на Рихав и на неговиот брат Вана, на синовите на Римон од Вирот, и им рече: „Така ми живиот Господ, Кој ме избави од секоја неволја! 10 Оној кој ми јави дека загина Саул, мислеше дека ми јавува радосна вест, а јас го фатив и го погубив во Сиклаг, за да му платам за неговата добра вест! 11 Што ли ќе направам допрва со злосторниците кои што убија чесен човек во неговата куќа, на неговата постела! Зар да не барам од вас сметка за неговата крв и зар да не ве истребам од земјата?” 12 Тогаш Давид им заповеда на војниците, та ги погубија. Потоа им ги отсекоа рацете и нозете и ги обесија кај езерото во Хеврон. Ја зедоа Исвостеевата глава и ја погребаа во Авенировиот гроб во Хеврон.
1 Тогаш се собраа сите израелски племиња кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо. 2 Уште порано, додека Саул уште беше цар над нас, ти управуваше со сите движења на Израел, а Господ ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ и ти ќе бидеш водач на Израел!’” 3 Така дојдоа сите израелски старешини кај царот во Хеврон, а Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа; и го помазаа Давида за цар над Израел. 4 На Давида му беа триесет години кога стана цар, а царуваше четириесет години. 5 Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над сиот Израел и над Јуда. 6 Давид тргна со луѓето на Ерусалим против Евусејците, кои живееја во онаа земја. Ама тие му порачаа на Давида: „Нема да влезеш ваму! Слепците и хромите ќе те одбијат!” Тоа значеше: „Давид нема да влезе ваму.” 7 Сепак Давид ја зазеде Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град. 8 Во оној ден Давид рече: „Кој ќе ги истепа Евусејците, нека ги порази со копје и хромите и слепите, кои и беа замразени на Давидовата душа.” Затоа се вели: „Слепците и хромите нека не влегуваат во Храмот.” 9 Давид се насели во тврдината и ја нарече Давидов Град. Тогаш Давид подигна ѕид наоколу од Мило па внатре. 10 Давид стануваше сè посилен, зашто Господ, Бог над Воинствата, беше со него. 11 Тирскиот цар Хирам му испрати на Давида пратеништво и кедрови дрва, дрводелци и ѕидари, кои што изградија дворец за Давида. 12 Тогаш Давид созна дека Господ го потврди за цар над Израел и дека многу го возвиши неговото царство заради Својот израелски народ. 13 По доаѓањето од Хеврон Давид зеде уште соложници и жени од Ерусалим; и му се родија на Давида уште синови и ќерки. 14 Еве ги имињата на децата кои му се родија во Ерусалим: Самуј, Совав, Натан, Соломон, 15 Евар, Нафиг, Јафиј, 16 Елисам, Елијад и Елифалет. 17 Кога Филистејците чуја дека го помазаа Давида за цар над Израел, сите излегоа за да го бараат Давида. Откако го чу тоа, Давид слезе во своето засолниште. 18 Филистејците дојдоа и се раширија по Рафајската Долина. 19 Тогаш Давид го праша Господа: „Можам ли да ги нападнам Филистејците? Сакаш ли да ми ги предадеш мене во рацете?” Господ му одговори на Давида: „Нападни! Ќе ти ги предадам Филистејците во рацете!” 20 Тогаш Давид дојде во Вал Ферасим и таму ги порази. Давид рече: „Господ продре пред мене меѓу моите непријатели како што продира водата.” Затоа тоа место беше наречено Вал Ферасим (Место на Продори). 21 Таму ги оставија своите богови; а Давид и неговите луѓе ги однесоа. 22 Филистејците дојдоа пак и се раширија по Рафајската Долина. 23 Давид пак го праша Господа, а Тој му одговори: „Не оди пред нив, туку појди им зад плеќи и нападни ги од спротивната страна на Бекаим (Црници). 24 Кога ќе чуеш шум на чекори по бекаимските врвови, тогаш побрзај, зашто тогаш Господ ќе оди пред тебе за да ја порази филистејската војска.” 25 Давид направи како што му заповеда Господ, и ги порази Филистејците од Гаваја до Гезер.
1 ден ден Давид пак ги собра сите одбрани момчиња во Израел, триесет илјади луѓе. 2 Потоа Давид и сета војска што беше со него тргнаа на пат во Јудина Вала за да го донесат оттаму Божјиот Ковчег, што го носи името на Господа на Силите, Кој живее над херувите. 3 Божјиот Ковчег го положија на нова кола, откако го изнесоа од Авинадавовата куќа, што стоеше на ритчето. Уза и Ахио, Авинадавовите синови, ја придружуваа колата. 4 Уза врвеше покрај Божјиот Ковчег, а Ахио одеше пред него. 5 Давид и сиот Израелев дом играа пред Господа со сета сила, пеејќи наспоредно со звуците на гуслиња, псалтири, тапанчиња, свирки и кимвали. 6 Кога дојдоа до Нахоновото Гумно, Уза посегна со раката по Божјиот Ковчег, за да го придржи, зашто воловите за малку не го превртија. 7 Но Господ се разгневи на Уза: Бог го удри на место заради тој престап, така што умре таму, покрај Божјиот Ковчег. 8 На Давида му беше жал зашто Господ го удри така Уза, и тој го нарече тоа место Фарес Уза (Пораз), како што се вика и до денешниот ден. 9 Во тој ден Давид се уплаши од Господа и си рече во себеси: „Како би можел да дојде кај мене Господовиот Ковчег?” 10 Затоа Давид не сакаше да го премести Господовиот Ковчег кај себе, во Давидовиот Град, туку го смести во куќата на Овид-Едом од Гет. 11 И Господовиот Ковчег остана во куќата на Овид-Едома гетеецот три месеци, и Господ го благослови Овид-Едома и сиот негов дом. 12 Кога му соопштија на царот дека Господ го благослови Овид-Едомовото семејство и сиот негов имот заради Божјиот Ковчег, Давид отиде и го пренесе Божјиот Ковчег од Овид-Едомовата куќа горе во Давидовиот Град со голема веселба. 13 Туку што носачите на Божјиот Ковчег пречекорија шест чекори, Давид жртвува вол и згоен овен. 14 Давид играше со сета сила пред Господа, а беше наметнат само со ленен наплеќник. 15 Така Давид и сиот Израелев дом го носеа горе Господовиот Ковчег, воскликнувајќи со трубни звуци. 16 А кога Господовиот Ковчег влегуваше во Давидовиот Град, Сауловата ќерка Михала, гледаше низ прозорецот и го виде царот Давид како скока и игра пред Господа, и таа го презре во своето срце. 17 Тогаш го внесоа Господовиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш Давид принесе пред Господа паленици и помирителни жртви. 18 Откако ги принесе палениците и помирителните приноси, Давид го благослови народот со името на Господа на Силите. 19 Потоа им подели меѓу сиот народ, меѓу сето Израелево мноштво, на мажите и на жените, секому по еден леб, по едно парче месо и колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во својата куќа. 20 Кога Давид се врати дома за да го благослови своето семејство, Сауловата ќерка Михала му излезе во пресрет на Давида и му рече: „Колку чесно се однесуваше денес Израелевиот цар кога се откри пред очите на слугинките на своите слуги како што се открива суетен човек!” 21 Но Давид и одговори на Михала: „Јас играм пред Господа! Така ми живиот Господ, Кој ме избра место твојот татко и место сиот негов дом, за да ме постави за водач на Израел, на Господовиот народ: ќе играм пред Господа! 22 И уште повеќе ќе се понижам. Ќе бидам незначителен во своите очи, ама пред слугинките за кои што зборуваш, пред нив ќе бидам во чест.” 23 А Михала, Сауловата ќерка, немаше пород до денот на својата смрт.
1 Кога Давид се настани во својот дом и кога Господ му даде мир од сите негови непријатели наоколу, 2 царот му рече на пророкот Натан: „Погледај! Еве, јас живеам во дом од кедровина, а Божјиот Ковчег стои под шатор.” 3 А Натан му одговори на царот: „Оди и прави сè што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.” 4 Но во истата ноќ на Натана му дојде оваа Господово слово: 5 ”Оди и речи му на Мојот слуга Давид: ‘Господ зборува вака: „Зар ти ќе ми изградиш куќа, за да престојувам во неа? 6 Никогаш не престојував во куќа откако ги изведов Израелевите синови од Египет па до денешниот ден, туку бев скитник под шатор и во Престојувалиштето. 7 Додека одев со сите Израелеви синови, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да бидат пастири на Мојот израелски народ, и дали кажав: ‘Зошто не ми изградите дом од кедрово дрво?’”‘ 8 Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од стадото на овците, за да бидеш водач над Мојот израелски народ. 9 Бев со тебе каде и да одеше, ги откорнав сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти дадам големо име, како што е името на големците на земјата. 10 Ќе му одредам место на Својот израелски народ, ќе го посадам, за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту злосторниците да го мачат како порано, 11 тогаш кога одредив судии над Својот израелски народ. Јас ќе му прибавам мир од сите негови непријатели. Господ ќе те направи голем, Господ ќе ти подигне дом. 12 И кога ќе се исполнат твоите денови и кога ти ќе починеш при своите татковци, ќе издигнам твој потомок по тебе, кој ќе се роди од твоите бедра, и ќе го зацврстам неговото царство. 13 Тој ќе му изгради дом на Моето име, а јас ќе го зацврстам неговиот престол засекогаш. 14 Јас ќе му бидам татко, а тој ќе Ми биде син: ако направи беззаконие, ќе го казнам со човечка прачка и со ударци како што ги задаваат човечките синови. 15 Но Својата наклоност нема да је одвратам од него, како што ја одвратив од Саула, кого го отстранив од пред тебе. 16 Твојата куќа и твоето царство ќе траат довека пред Мене, твојот престол ќе стои цврсто засекогаш.”‘“ 17 Натан му ги пренесе на Давида сите тие зборови и целото видение. 18 Тогаш царот Давид влезе во шаторот и застана пред Господа и се помоли: „Кој сум јас, Господи Боже, и што е мојот дом та ме доведе дотука? 19 Па и тоа е уште премало во Твоите очи, Господи Боже, та и даваш Свои ветувања на куќата на Својот слуга за далечна иднина, и тоа е по законот човечки Господи Боже! 20 Ама што би можел Давид уште да ти рече, кога Ти Самиот го познаваш Својот слуга, Господи Боже! 21 Заради Својот збор и според Своето срце го направи сето ова големо дело, откривајќи ги сите овие величествености на слугата Твој да познае. 22 Затоа велик си Господи Боже; нема таков каков што си Ти, и нема Бог освен Тебе, според сè што чувме со своите уши. 23 Постои ли макар еден народ на земјата како Твојот израелски народ, заради кого Бог отиде да го избави за Свој народ, за да си прославиш така име со големи и страшни чуда, изгонувајќи ги кривобожечките племиња пред Својот народ, што го откупи од Египет? 24 Така го закрепна израелскиот народ засекогаш, а Ти, Господи, му стана Бог. 25 Затоа сега, Господи Боже, исполни го засекогаш ветувањето што им го даде на Својот слуга и на неговиот дом и направи како што си заветувал. 26 Нека се велича Твоето име засекогаш и нека се зборува: ‘Господ над Војските е Израелев Бог’, а домот на Твојот слуга Давид нека стои цврсто пред Тебе. 27 Зашто Ти, Господи над Воинствата, Израелев Боже, му го откри ова на Својот слуга: Јас ќе ти подигнам дом. Затоа Твојот слуга најде храброст за да Ти се помоли со оваа молитва. 28 Навистина, Господи Боже, Ти си Бог, Твоите зборови се вистински и Ти му го даваш ова прекрасно ветување на Својот слуга. 29 Благоволи сега да го благословиш домот на Својот слуга, за да остане довека пред Тебе. Зашто кога Ти, Господи Боже, ќе ветиш и ќе благословиш, куќата на Твојот слуга ќе биде благословена засекогаш.”
1 Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, та го одзеде Гат со неговите села од филистејските раце. 2 Ги порази и Моавците и ги измери со јаже, откако ги полегна по земјата: измери две јажина од оние што треба да бидат погубени, а едно цело јаже од оние што треба да бидат оставени живи. Така Моавците станаа Давидови поданици, кои му донесуваа данок. 3 Давид го порази и Адад-Езера, синот Реовов, совскиот цар, кога излезе да ја прошири својата власт до Реката. 4 Давид зароби од него илјада и седум стотини коњаници и дваесет илјади пешаци; им ги исече жилите на сите коњи на бојните коли; остави само сто. 5 Дамаските Сиријци му дојдоа на помош на Адад-Езер, совскиот цар, ама Давид истепа меѓу Сиријците дваесет и две илјади луѓе. 6 Постави намесник во Дамаскиот Арам. Така Арамејците (Сиријците) станаа Давидови поданици и требаа да му плаќаат данок. Господ му даваше победа на Давида каде и да одеше. 7 Давид ги заплени златните штитови што ги имаа Адад-Езеровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. 8 Од Ветах и од Виротај, Адад-Езерови градови, цар Давид донесе многу бронза. 9 Кога ематскиот цар Тој, чу дека Давид ја порази сета Адад-Езерова војска, 10 му го испрати својот син Јорам на Давида за да го поздрави и за да му честита зашто војуваше против Адад-Езер и зашто го порази, зашто Адад-Езер беше во војна со Тој; Јорам донесе сребрени, златни и бронзени предмети. 11 И нив царот Давид Му ги посвети на Господа со среброто и златото што го беше зел од сите народи кои ги покори: 12 од Сиријците, од Моавците, од Амонците, од Филистејците и од Амаликците, и од пленот на Адад-Езер, синот Реовов, царот на Сова. 13 Давид придоби нова слава кога на враќање ги порази Едомците, во Солената Долина, нив осумнаесет илјади. 14 И постави управители во Едом, и сите Едомци станаа Давидови поданици. И каде и да одеше Давид, Господ му даваше победа. 15 Давид царуваше над сиот Израел правејќи му правда и праведност на сиот свој народ. 16 Јоав, синот Серуин, заповедаше со војската, а Јосафат, синот Ахилудов, беше летописец. 17 Садок, синот Ихитовов, и Ахимелех, синот Авијатаров, беа свештеници; Сераја беше писар; 18 Венај, синот Јодаев, им заповедаше на Херетејците и Фелетејците; а Давидовите синови беа главни управители.
1 Еден ден Давид праша: „Има ли уште некој преживеан од Сауловата куќа, за да му направам милост заради Јонатана?” 2 А во Сауловата куќа беше слуга по име Сива: него го повикаа пред Давида, и царот го праша: „Ти ли си Сива?” А тој одговори: „Јас сум, твојот слуга!” 3 А царот продолжи: „Зар нема веќе никој од Сауловата куќа, за да му искажам Божја милост?” А Сива му одговори на царот: „Има уште Јонатанов син, кој е хром на двете нозе.” 4 Царот го праша: „Каде е тој?” А Сива му одговори на царот: „Ене го во куќата на Махир, синот Амилов, во Ло Девар.” 5 Тогаш царот Давид испрати по него во куќата на Махир, синот Амилов, од Ло Девар. 6 Кога Мефивостеј, синот Јонатанов, синот Саулов, дојде кај Давида, падна ничкум и се поклони. А Давид рече: „Мефивостеју!” Тој одговори: „Еве го твојот слуга!” 7 А Давид му рече: „Не бој се, зашто сакам да ти искажам милост заради твојот татко Јонатан. Ќе ти ги вратам сите ниви на твојот дедо Саул, а ти секогаш ќе јадеш леб на мојот стол.” 8 Мефивостеј се поклони и рече: „Што е твојот слуга та му искажуваш почит на пцовисан пес каков што сум јас?” 9 Потоа царот го повика Сива, Сауловиот слуга, и му рече: „Сè што им припаѓаше на Саула и на неговата куќа, сето тоа му го давам на синот на твојот господар. 10 Ти, со своите синови и со своите слуги, ќе му ја обработуваш земјата, од неа ќе ја собираш жетвата за да има леб семејството на твојот господар; а Мефивостеј, синот на твојот господар, секогаш ќе јаде на мојот стол.” А Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги. 11 Сива му одговори на царот: „Твојот слуга ќе направи сè што мојот господар и цар му заповеда на својот слуга.” И така, Мефивостеј јадеше покрај Давидовиот стол, како еден од царските синови. 12 Мефивостеј имаше мал син по име Миха. А сите кои што живееја во Сивината куќа беа во служба на Мефивостеј. 13 А Мефивостеј престојуваше во Ерусалим, зашто секогаш јадеше на царскиот стол. Беше хром на обете нозе.
1 Потоа почина Нахаш, царот на Амонците, а се зацари место него неговиот син Анун. 2 А Давид си рече во себеси: „Сакам да му искажам милост на Нахашовиот син Анун, како што неговиот татко ми искажа мене.” Затоа Давид ги испрати своите слуги за да му искажат сочувство заради неговиот татко. Ама кога Давидовите слуги дојдоа во земјата на Амонците, 3 кнезовите на Амонците му рекоа на својот господар Анун: „Зар мислиш дека Давид ги испрати луѓево, за да ти искажат сочувство затоа што сака да му искаже почит на твојот татко? Не ги испратил ли Давид своите слуги кај тебе, за да го извиди градот, за да ја научи неговата одбрана и потоа да го разурне?” 4 Тогаш Анун ги грабна Давидовите слуги, им избричи половина брада и им ги скрати облеките до половина, и ги испрати назад. 5 Кога му го јавија тоа на Давида, тој испрати човек пред нив, зашто тие луѓе беа тешко засрамени, и им порача: „Останете во Ерихон додека не ви порастат брадите, па вратете се тогаш!” 6 Тогаш Амонците увидоа дека се замразија со Давида; затоа Амонците испратија гласници за да ги најмат за плата Арамејците од Вет Реова и Арамејците од Сова, дваесет илјади пешаци, потоа царот Маха, илјада луѓе, и луѓето од Това, дванаесет илјади војници. 7 Кога Давид го чу тоа, го испрати Јоава со војската и со одбрани јунаци. 8 Амонците излегоа и се наредија во боен ред пред градската врата, додека Арамејците од Сова и од Реова и луѓето од Това и од Маха стоеја одделно во полето. 9 Откако виде бојни редови спроти себе, однапред и одназад, Јоав ги одбра најспособните меѓу Израелците и ги нареди спроти Арамејците. 10 Другата војска му ја предаде на братот Ависај за да ја нареди спроти Амонците. 11 И му рече: „Ако Арамејците бидат посилни од мене, тогаш ти прискокни ми на помош; ако Амонците бидат посилни од тебе јас ќе ти побрзам на помош. 12 Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на својот Бог; а Господ нека направи што Му е по волјата.” 13 Тогаш Јоав и војската што беше со него почнаа да се приближуваат за да удрат врз Арамејците, ама тие избегаа пред него. 14 Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, побегнаа и тие пред Ависеј и се повлекоа во градот. Тогаш Јоав се откажа од војната против Амонците и се врати во Ерусалим. 15 Кога Аморејците видоа дека Израелците ги поразија, ги собраа повторно своите чети. 16 Адар-Езер испрати гласници и ги собра Арамејците што се од онаа страна на Реката. Тие дојдоа во Елам под водството на Совак, војвода на Адар-Езеровата војска. 17 Откако му го јавија тоа на Давида, тој ги собра сите Израелци и, откако помина преку Јордан, дојде во Елам. Арамејците се наредија против Давида и започнаа бој со него. 18 Ама Арамејците удрија во бегство пред Израелците, и Давид им истепа седум стотини коњи на бојните коли и четириесет илјади пешаци; го погуби и нивниот војвода Совак, та умре таму. 19 А кога сите цареви, Адар-Езерови подвластеници, видоа дека Израел ги порази, склучија мир со Израел и почнаа да му служат. А Арамејците веќе не се осмелуваа да им помагаат на Амонците.
1 Во почетокот на следната година, во времето кога царевите излегуваат во војна, Давид ги испрати Јоава и со него сите свои луѓе и сиот Израел: тие ги разбија Амонците и ја опсадија Рава. А Давид остана во Ерусалим. 2 А еден ден, приквечер, Давид стана од својата постела и се прошета по покривот на својот дворец. Од покривот забележа жена како што се капе. Жената беше убава на глетка. 3 Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!” 4 Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа. 5 Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!” 6 Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!” И Јоав го испрати Урија кај Давида. 7 Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната. 8 Потоа Давид му рече на Урија: „Слези во својата куќа и измиј си ги своите нозе!” Уриј излезе од царскиот дворец, а по него изнесоа подарок од царскиот стол. 9 Но Уриј остана да спие пред вратата на царскиот дворец со стражарите на својот господар, и не отиде во својата куќа. 10 Му јавија за тоа на Давида, велејќи: „Уриј не отиде во својата куќа!” Тогаш Давид го праша Урија: „Зар не дојде од пат? Зошто не си одиш во својата куќа?” 11 А Уриј му одговори на Давида: „Ковчегот, Израел и Јуда престојуваат под шатори, мојот господар Јоав и стражата на мојот господар престојуваат на отворено поле, а јас да влезам во својата куќа, да јадам и да пијам и да спијам со својата жена? Жив ми твојот живот и твојата душа, навистина нема да направам нешто такво!” 12 Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани уште денес тука, а утре ќе те пуштам.” Така Уриј остана во Ерусалим во оној ден. 13 Утреден Давид го повика Уриј да јаде и да пие пред него, и тој се испијани. А навечер Уриј излезе и легна во својата постела заедно со стражите на својот господар, ама не отиде во својата куќа. 14 Наутро Давид му напиша писмо на Јоав и му го испрати по Уриј. 15 А во тоа писмо пишуваше вака: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него: нека биде погоден и нека загине!” 16 Затоа Јоав, опседнувајќи го градот, го постави Урија на местото каде што знаеше дека стојат најхрабрите борци. 17 Тогаш кога граѓаните излегоа насила надвор и се судрија со Јоав, паднаа неколку од неговата војска, од Давидовите луѓе, а загина и Хетеецот Уриј. 18 Потоа Јоав испрати човек и му соопшти сè што се случило во бојот. 19 И му заповеда на гласникот вака: „Кога ќе му раскажуваш на царот сè што се случило во бојот, 20 можеби царот ќе се налути и ќе ти рече: ‘Зошто сте се доближиле толку близу до градот за да нападнете? Зар не знаевте дека обично се фрлаат стрели од ѕидот? 21 Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?’ Ако ти рече така, а ти речи му: ‘Загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.’” 22 Гласникот тргна на пат, дојде кај Давида и му раскажа сè што му наложи Јоав. А Давид пламна со гнев на Јоава и му рече на гласникот: „Зошто сте се доближиле толку близу до ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?” 23 Гласникот му одговори на Давида: „Тие луѓе удрија силно врз нас и излегоа против нас на отворено поле. Ние ги потиснавме назад до градската врата, 24 ама стрелците од ѕидот почнаа да фрлаат стрели врз твоите луѓе, та загинаа неколку од царските луѓе; така загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.” 25 Тогаш Давид му рече на гласникот: „Речи му вака на Јоава: ‘Не земај го тоа толку на срце, зашто мечот го голта сега овој, сега оној. Удирај уште посилно на градот и разурни го!’ Така ќе му ја вратиш смелоста!” 26 Кога Уриевата жена чу дека загина нејзиниот маж Уриј, жалеше по својот маж. 27 А кога помина времето на жалоста, Давид испрати по неа и ја зеде во својот дом, и таа му стана жена. И му роди син. Но делото што го направи Давид беше зло во очите на Господа.
1 Господ го испрати пророкот Натан кај Давида. Тој влезе кај него и му рече: „Во некој град живееја два човека, едниот богат, а другиот беден. 2 Богатиот имаше овци и говеда во изобилство. 3 А бедниот немаше ништо друго освен една единствена овчичка, што ја беше купил. Ја хранеше, и таа растеше покрај него и со неговите деца; јадеше од неговиот залаг, пиеше од неговата чаша; му спиеше во неговото крило: му беше како ќерка. 4 И дојде патник кај богатиот човек, а нему му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви на гостинот, кој му беше дошол. Тој ја украде овчичката на сиромавиот и ја зготви за својот посетител.” 5 Тогаш Давид пламна со жесток гнев на тој човек и му рече на Натана: „Така ми живиот Господ, смрт заслужил човекот што направил така! 6 Четворно да ја надомести овцата затоа што го направил тоа дело и зашто не знаел за милосрдие!” 7 Тогаш Натан му рече на Давида: „Ти си тој човек! Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас те помазав за цар над Израел, Јас те избавив од Сауловата рака. 8 Ти ја предадов куќата на твојот господар, ги положив жените на твојот господар во твоето крило, ти ги дадов Израелевиот дом и Јудиниот дом, ќе ти додадев уште ова или она. 9 Зошто го презре Господа и зошто го направи она што е зло во Неговите очи? Го уби со меч Хетеецот Уриј, а неговата жена ја зеде за своја жена. Да, него го уби со мечот на Амонците. 10 Затоа веќе никогаш не ќе се сврти мечот од твојот дом, зашто Ме презре и зашто ја зеде жената на Хетеецот Уриј да ти биде жена.’ 11 Господ зборува вака: ‘Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом. Ќе ги земам твоите жени од пред твоите очи и ќе му ги дадам на твојот ближен, кој ќе спие со твоите жени пред ова сонце. 12 Навистина ти работеше тајно, но Јас ќе ја извршам оваа закана пред сиот Израел и пред сонцето!’” 13 Тогаш Давид му рече на Натана: „Згрешив пред Господа!” А Натан му одговори на Давида: „Господ ти го опростува твојот грев: нема да умреш. 14 Но бидејќи со тоа дело го презре Господа, неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!” 15 Потоа Натан си отиде во својата куќа. А Господ го удри детето кое Уриевата жена му го роди на Давида, и тоа се разболе. 16 Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја. 17 А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив. 18 А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нè слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!” 19 Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?” А тие одговорија: „Умре.” 20 Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше. 21 А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!” 22 А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’ 23 А сега кога е умрено, зошто да постам? Дали можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, но тоа нема да се врати кај мене!” 24 Потоа Давид ја утеши својата жена Витсавеа. Дојде кај неа и легна со неа. Таа затрудни и роди син кому му го даде името Соломон. Господ го замилува 25 и го соопшти тоа преку пророкот Натан. Овој го нарече со името Едидиј (Возљубен на Господа), заради Господа. 26 Јоав нападна на Рава на Амоновите синови и го освои царскиот град. 27 Тогаш Јоав испрати гласници кај Давида со порака: „Јас нападнав на Рава и го освоив градот покрај водата. 28 Сега ти собери ја другата војска, опколи го градот и заземи го, за да не го освојам јас градот и да му го дадам своето име.” 29 И Давид ја собра сета војска, тргна против Рава, го нападна градот и го зазеде. 30 Тогаш ја симна круната на нивниот цар од неговата глава, што беше тешка еден златен талант; во неа имаше бесценет камен, и ја положија врз Давидовата глава. И многу богат плен однесе од градот. 31 А народот што беше во него го изведе и го стави да работи кај пилите, и со железни копачи, и со железни секири, и го употреби за работа во туланите. И така исто им правеше на сите градови на Амоновите синови. Потоа Давид се врати, со својата војска во Ерусалим.
1 А потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше убава сестра по име Тамара, и во неа се вљуби Давидовиот син Амнон. 2 Амнон се измачуваше толку што речиси се разболе заради својата сестра Тамара: зашто таа беше девица, па Амнон не гледаше можност да и направи што и да било. 3 Ама Амнон имаше пријател по име Јонадав, син на Давидовиот брат Сама; а Јонадав беше мошне снаодлив. 4 И тој го праша Амнона: „Откаде е тоа, царски сину, што си млитав секое утро? Нема ли да ми кажеш?” А Амнон му одговори: „Вљубен сум во Тамара, сестрата на својот брат Авесалом.” 5 А Јонадав му рече: „Легни во постела и направи се болен, па кога ќе дојде татко ти да те посети, ти речи му: ‘Дозволи да дојде мојата сестра Тамара да ми даде да јадам; ако таа зготви јадење пред моите очи, да го видам тоа, тогаш ќе јадам од нејзината рака.’” 6 И така, Амнон легна и се преправи болен. Кога дојде царот да го посети, Амнон му рече на царот: „Дозволи да дојде мојата сестра Тамара за да зготви пред моите очи неколку колачи и јас ќе се закрепнам од нејзината рака.” 7 Тогаш Давид и порача на Тамара во дворецот: „Оди во куќата на брата си Амнона и зготви му јадење!” 8 Тамара отиде во куќата на својот брат Амнон. А тој лежеше. Таа зеде брашно, го замеси, направи колачиња пред неговите очи и ги испече. 9 Потоа зеде сад и ги стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Испрати ги сите оттука!” И сите излегоа од кај него. 10 Тогаш Амнон и рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во спалната, за да се поткрепам од твојата рака!” И Тамара ги зеде колачињата што ги беше зготвила и му ги донесе на брата си Амон во спалната. 11 А кога му пружи за да јаде, тој ја фати со раката и и рече: „Дојди, моја сестро, легни со мене!” 12 А таа му рече: „Немој, брату мој! Не ме срами, зашто така не се прави во Израел. Не прави таков срам! 13 Каде би се криела јас со мојот срам? А и ти ќе бидеш како бесрамник во Израел! Туку зборувај со царот: тој нема да ме одрече за тебе!” 14 Ама тој не сакаше да ја послуша, и бидејќи посилен од неа, ја совлада и легна со неа. 15 Тогаш ја замрази веднаш со силна омраза, та омразата со која ја замрази беше поголема од љубовта со која ја љубеше порано. И и рече Амнон: „Стани! Оди си!” 16 А таа му одговори: „Не, брату мој! Ако ме избркаш сега, тоа ќе биде поголемо зло од она што си ми го направил!” Ама тој не сакаше да ја слуша, 17 туку го повика момокот што му служеше и му заповеда: „Избркај ја сега оваа од кај мене, исфрли ја и заклучај ја вратата зад неа!” 18 А таа имаше на себе облека разнобојна, зашто некогаш во такви облеки ги облекуваа царските ќерки додека беа девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата зад неа. 19 Тогаш Тамара зеде пепел и се посипа по главата, ја раскина шарената облека што ја имаше на себе, ја стави раката на главата и си отиде викајќи гласно додека одеше. 20 А нејзиниот брат Авесалом ја праша: „Дали можеби твојот брат Амнон беше со тебе? Ама сега, сестро моја, молчи: брат ти е! Не земај го тоа на срце!” Така Тамара остана осамена во куќата на својот брат Авесалом. 21 Кога царот Давид чу сè што се случило, многу се разгневи. 22 А Авесалом не му рече на Амнона ни збор, зашто Авесалом го замрази Амнона што му ја засрами сестрата Тамара. 23 А по две години Авесалом ги стрижеше овците во Вал-Асор, кај Ефрема; и Авесалом го повика сето царско семејство. 24 Авесалом дојде кај царот и му рече: „Еве, твојот слуга ги стриже овците, па нека царот и неговите дворјанци се удостојат да дојдат кај својот слуга.” 25 Ама царот му одговори на Авесалома: „Не, сине, не ќе дојдеме сите, за да не ти бидеме на товар.” Авесалом настојуваше, но тој не сакаше да оди, туку го благослови и го пушти. 26 Ама Авесалом продолжи: „Ако не сакаш ти, дозволи тогаш мојот брат Амнон да тргне со нас.” А царот го праша: „Зошто да иде со тебе?” 27 Ама Авесалом и натаму навалуваше, та најпосле Давид ги пушти со него Амнона и сите царски синови. 28 И им заповеда на своите слуги вака: „Внимавајте! Кога ќе му се развесели срцето на Амнон од вино и кога јас ќе ви викнам: ‘Убијте го Амнона!’ тогаш погубете го! Не бојте се, зашто така ви заповедам! Охрабрете се и покажете се јунаци!” 29 И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа. 30 Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.” 31 Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки. 32 Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара. 33 Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.” 34 А Авесалом избега. А момчето што беше на стража ги подигна очите и согледа мноштво народ како слегува по патот зад него, отаде планината. 35 И Јонадав му рече на царот: „Еве, стигнаа царските синови! Се случи како што ти рече твојот слуга.” 36 Туку што го изрече тоа, а царските синови влегоа и заплакаа со сиот глас; а и царот и сите негови слуги плачеа силно. 37 Авесалом пак беше избегал и беше отишол кај Талмај, синот Амијудов, гесурски цар. А Давид тажеше по својот син непрекратно. 38 А бидејќи Авесалом избега и отиде во Гесур, остана таму три години. 39 И душата на царот Давид копнееше по Авесалома: зашто се утеши за Амноновата смрт.
1 А Јоав, синот Серуин, забележа дека царевото срце се свртува кон Авесалома. 2 Затоа Јоав испрати во Текоа по една умна жена и и рече: „Преправи се како да си во скрб по умрен, облечи тажачки облеки, немој да се мачкаш со масло, туку биди како жена, која е веќе долго време во жалост по умрен. 3 Ќе отидеш кај царот и ќе му речеш вака.” И Јоав и стави во устата нејзина, што да каже. 4 Кога жената од Текое му прозбори на царот, падна ничкум на земјата и се поклони, потоа рече: „Помогни, цару!” 5 Царот ја праша: „Што ти е?” А таа одговори: „Ах, јас сум вдовица. Маж ми умре, 6 а твојата слугинка имаше два сина. Тие се скараа во полето, а немаше никој да ги раздвои, па едниот од нив го удри другиот и го уби. 7 И ете сиот род се подигна против твојата слугинка и рече: ‘Предај ни го тој, кој го убил брата си: за да го погубиме за животот на неговиот брат кого го убил, а со тоа ќе го сотреме и наследникот.’ Така сакаат да ја угаснат жеравицата што им остана, за да не му остават на мојот маж ни име ни потомство по лицето на земјата.” 8 А царот и рече на жената: „Оди си во твојата куќа, јас ќе одредам што треба за тебе.” 9 А жената од Текое му рече на царот: „Господару, цару! Вината нека падне врз мене и врз мојот татковски дом; царот и неговиот престол невини се во тоа!” 10 А царот продолжи: „Оној, кој ти се закани, доведи го кај мене! Тој веќе нема да те гибне!” 11 А таа рече: „Молам, нека царот си спомни на Господа, својот Бог, дека крвниот одмаздник не ќе ја умножи гибелта и дека нема да го погуби мојот син!” А тој рече: „Така ми живиот Господ, ниедно влакно нема да падне од главата на твојот син на земјата!” 12 А жената продолжи: „Дозволи, твојата слугинка да му рече еден збор на својот господар цар.” А тој одврати: „Зборувај!” 13 А жената рече: „И така, зошто царот - бидејќи со изречувањето на ваквата мисла самиот се призна за виновен - донесе одлука против народот Божји да не го пушта дома оној, кого го протерал? 14 Ние сите сме смртни. Слични сме на водата што се пролева на земја и веќе не може да се собере, и Бог не го подига мртвиот: но мисли за тоа, за протераниот да не остане заточен далеку од него. 15 А причината зошто дојдов да ја изнесам пред својот господар цар оваа работа беше таа што луѓето ме заплашија, па твојата слугинка мислеше: ‘Треба да зборувам со царот, можеби царот ќе го направи она што ќе му каже неговата слугинка. 16 Зашто царот ќе ја послуша својата слугинка и ќе ја избави од рацете на човекот, кој сака да ме истреби заедно со мојот син од Божјото наследство.’ 17 Затоа твојата слугинка помисли: ‘Зборот на мојот господар и цар нека ми биде на смирување. Зашто мојот господар и цар е како Божји ангел кој распознава добро и зло. Господ, твојот Бог, нека биде со тебе!’” 18 Тогаш царот проговори и и рече на жената: „Немој сега да ми го скриеш она што ќе те прашам!” А жената одговори: „Нека зборува мојот господар цар!” 19 Тогаш царот праша: „Не се ли со тебе Јоавовите прсти во сè тоа?” А жената одговори: „Така да си жив, господару цару, навистина не се може ни десно ни лево од сè што рече мојот господар и цар! Да, твојот слуга Јоав ми заповеда, тој ја научи твојата слугинка на сите овие зборови. 20 Твојот слуга Јоав го направи тоа за да му даде друго лице на сето тоа, ама мојот господар е мудар како Божји ангел, тој знае сè што се случува на земјата.” 21 Тогаш царот се сврте кон Јоава и му рече: „Добро, ќе го направам тоа. Оди и доведи го назад младиот човек Авесалом!” 22 А Јоав падна со лицето кон земјата, се поклони и го благослови на царот; потоа Јоав рече: „Денес гледа твојот слуга дека најде милост во твоите очи, господару цару, кога царот ја исполни молбата на својот слуга.” 23 Потоа Јоав се крена, отиде во Гесур и го доведе Авесалома назад во Ерусалим. 24 Ама царот рече: „Нека си оди во својата куќа, и лицето мое да не го погледне!” И Авесалом се повлече во својата куќа и не го виде царското лице. 25 Во сиот Израел немаше човек толку убав како Авесалома, кому би можеле да се искажат толку пофалби: од одот на ногата негова до врвот на главата негова, во него немаше недостаток. 26 А кога ја стрижеше косата - а ја стрижеше на крајот на секоја година, зашто му беше претешка па требаше да ја стриже - ја мереше својата коса: беше тешка две стотини шекели, според царската мерка. 27 На Авесалом му се родија три сина и една ќерка по име Тамара; беше мошне убава жена. 28 Авесалом помина две години во Ерусалим, и не го виде царското лице. 29 Тогаш Авесалом го повика Јоава кај себе за да го испрати кај царот, ама тој не сакаше да дојде кај него; и испрати повторно по него, ама тој пак не сакаше да дојде. 30 Тогаш Авесалом им нареди на слугите: „Гледајте, Јоавовото поле, е покрај моето, и таму има јачмен: отидете и запалете го!” И Авесаломовите слуги ја запалија онаа нива. 31 Тогаш Јоав се крена, дојде кај Авесалом во куќата и го праша: „Зошто твоите слуги ја запалија мојата нива?” 32 А Авесалом му одговори на Јоав: „Еве јас испратив кај тебе и ти порачав: ‘Дојди ваму, за да те испратам кај царот да кажеш: „Зошто се вратив од Гесур? Подобро ќе беше за мене да сум уште таму.”‘ Затоа сега дај да го видам лицето на царот, да излезам пред очите на царот, па ако има некаква вина врз мене, нека ме погуби!” 33 Јоав отиде кај царот и му го кажа тоа. Потоа царот го повика Авесалом. Тој дојде пред царот, му се поклони и падна ничкум пред царот. И царот го пољуби Авесалом.
1 Потоа Авесалом си набави кола и коњи, и педесет луѓе кои трчат пред него. 2 Авесалом стануваше рано изутрина, и застануваше покрај патот што водеше до градската врата; и секој што имаше некаква парница та одеше кај царот на суд, Авесалом го повикуваше кај себе и го прашуваше: „Од кој град си?” А кога тој би одговорил: „Твојот слуга е од тоа и тоа Израелево племе,’ 3 тогаш Авесалом ќе му речеше: „Гледаш, твојата работа е добра и праведна, ама нема да најдеш никого, кој би те послушал кај царот.” 4 Авесалом ќе продолжеше: „Ах, кога би ме поставиле мене за судија во земјата! Секој што би имал некаква парница или судење би доаѓал кај мене, и јас би му дал правда!” 5 А кога некој ќе му се доближеше, за да му се поклони, тој би ја испружил раката, ќе го привлечеше кон себе и ќе го пољубеше. 6 Така правеше Авесалом со сите Израелци кои доаѓаа на суд кај царот. Со тоа Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците за себе. 7 Кога поминаа четири години, Авесалом му рече на царот: „Дозволи ми да отидам во Хеврон и да го извршам заветот со кој му се заветував на Господа. 8 Зашто кога бев во Гесур во Арам, твојот слуга се заветува вака: ‘Ако Господ навистина ме доведе назад во Ерусалим, тогаш јас ќе Му служам на Господа.’” 9 А царот му одговори: „Оди во мир!” И тој тргна на пат и отиде во Хеврон. 10 Авесалом испрати тајни гласници по сите Израелеви племиња и им порача: „Кога ќе го чуете звукот на рогот, тогаш речете: ‘Авесалом стана цар во Хеврон.’” 11 А со Авесалома отидоа двеста луѓе од Ерусалим; тоа беа познаници, кои тргнаа простодушно, не знаејќи ништо. 12 Авесалом испрати и по Гилонецот Ахитофел, Давидовиот советник, од неговиот град Гилон, да присуствува на принесувањето на жртвите. Заверата беше силна, а Авесаломовите приврзеници растеа сè повеќе. 13 Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома.” 14 Тогаш Давид им рече на сите свои слуги кои што беа со него во Ерусалим: „Станете! Да бегаме! Инаку нема да му избегаме на Авесалома. Поитајте бргу, за да не биде тој побрз и да нè стигне, да не обори зло врз нас, и да не го погуби градот со острилото на мечот!” 15 А царевите дворјанци му одговорија на царот: „Што и да одлучи нашиот господар цар, еве ги твоите слуги!” 16 И царот излезе пеш со сиот свој двор; сепак царот остави десет наложнички, за да го чуваат домот. 17 И царот замина пеш со сиот народ и застана кај последната куќа. 18 Сите негови дворјанци стоеја покрај него. Тогаш сите Херетејци, сите Фелетејци, Итај и сите Гетејци, кои беа дошле со него од Гат, шест стотини луѓе, поминаа пред царот. 19 Царот го праша Гетеецот Итај: „Зошто и ти идеш со нас? Врати се и остани кај царот! Ти си странец, протеран од својата земја. 20 Вчера дојде, а денес да те водам да скиташ со нас, кога јас одам кај што ќе посакам. Врати се и одведи ги своите браќа назад со себе, а доброта и верност со тебе!” 21 Но Итај му одговори на царот вака: „Живиот ми Господ, и така да биде жив мојот господар цар: каде што ќе биде мојот господар царот, било за смрт или за живот, таму ќе биде и твојот слуга!” 22 Тогаш Давид му рече на Итаја: „Ајде, помини!” И Итај од Гат помина со сите свои луѓе и со сите малечки кои беа со него. 23 А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината. 24 Ете, дојде и Садок и со него сите левити кои го носеа Ковчегот на Божјиот завет. И тие го положија Божјиот Ковчег; и Авијатар отиде горе, додека сиот народ не излезе од градот. 25 Тогаш царот му рече на Садока: „Однеси го Божјиот Ковчег повторно назад во градот. Ако најдам милост пред очите на Господа, Тој ќе ме доведе назад и ќе ми дозволи да го видам Него и Неговото живеалиште. 26 Ако, пак, Тој каже: ‘Немам кон тебе благонаклоност,’ - тогаш, ете ме, нека прави со мене што е добро во Неговите очи!” 27 Уште царот му рече на свештеникот Садок: „Не ли си пророк? Врати се со мир во градот, и твоите два сина со тебе, твојот син Ахимас и Авијатаровиот син Јонатан. 28 Еве, јас ќе се задржам во рамнината на пустината додека не дојде глас од вас, за да ме извести.” 29 Тогаш Садок и Авијатар го однесоа Божјиот Ковчег назад во Ерусалим и останаа таму. 30 Давид се искачуваше по нагорништето на Маслиновата Гора, сè плачејќи, со покриена глава и бос, и сиот народ што беше со него, ја покри секој својата глава, и одеше плачејќи. 31 Тогаш му јавија на Давида дека и Ахитофел е меѓу заверениците со Авесалома. И Давид рече: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!” 32 Кога Давид дојде на врвот на гората, таму каде што се поклонуваа на Бога, и ете, во пресрет му дојде Архиецот Хусај, со раскината облека и со глава посипана со прав. 33 Давид му рече: „Ако тргнеш со мене, ќе ми бидеш на товар.” 34 Но ако се вратиш во градот и му речеш на Авесалома: ‘Царе, ќе бидам твој слуга, како што бев слуга на татко ти досега, така ќе ти бидам сега слуга’; тогаш ќе можеш да ги вратиш во моја полза Ахитофеловите совети. 35 Не ли се таму со тебе свештениците Садок и Авијатар? Сè што ќе чуеш од царскиот двор, соопшти им на свештениците Садок и Авијатар. 36 Ете, таму со нив се и нивните два сина, Ахимас Садоков, а и Јонатан Авијатаров: јавувајте ми по нив сè што ќе чуете.” 37 Така Хусај, Давидов пријател, се врати во градот кога Авесалом влегуваше во Ерусалим.
1 Кога Давид помина малку преку врвот, ете, во пресрет му дојде Сива, Мефивостеевиот слуга, со две насамарени ослиња што носеа двеста лебови, сто гроздови суво грозје, сто низи летно овошје и мев со вино. 2 Царот го праша Сива: „Што ќе правиш со тоа?” А Сива одговори: „Ослињата се за да послужат на царското семејство за јавање, лебот и овошјето за јадење на момчињата, а виното за пиење на оние кои ќе се уморат во пустината.” 3 Царот праша натаму: „А каде е синот на твојот господар?” А Сива му одговори на царот: „Ене, остана во Ерусалим, зашто рече: ‘Денес Израелевиот дом ќе ми го врати царството на мојот татко.’” 4 Тогаш царот му рече на Сива: „Ете, сè што имаше Мефивостеј нека е твое.” А Сива одговори: „Се поклонувам пред тебе. Нека да најдам милост во твоите очи, цару господару!” 5 Кога царот Давид дојде во Ваурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом. Се викаше Симеј, а беше син Гирин. Тој излегуваше, и постојано колнеше. 6 Фрлаше камења на Давида и на сите дворјанци на царот Давид, а сите луѓе со сите јунаци го опкружуваа царот од десната и од левата страна. 7 А Симеј зборуваше вака, проколнувајќи: „Оди си, оди си, крвнику, беззаконику! 8 Господ ја сврти против тебе сета крв на Сауловиот дом, кому ти му го одзеде царството. Затоа, Господ го предаде царството во рацете на твојот син Авесалом. Еве, сега се најде во неволја, зашто си крвник.” 9 Тогаш Серуиниот син Ависај му рече на царот: „Зар овој пцовисан пес да го проколнува мојот господар цар? Дозволи ми да отидам преку и да му ја симнам главата!” 10 Ама царот одговори: „Што сакате од мене Серуинови синови? Ако тој колне и ако Господ му заповедал: ‘Проколнувај го Давида!’ - кој смее да го праша: ‘Зошто правиш така?’” 11 Тогаш Давид им рече на Ависај и на сите свои слуги: „Ете, мојот син кој излезе од моето тело, ја бара душата моја, а камоли не овој Венијаминец! Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал. 12 Можеби Господ ќе погледне на мојата неволја та ќе ми врати добро за неговото денешно колнење.” 13 Потоа Давид го продолжи патот со своите луѓе, а Симеј одеше по горска патека наспоредно со него, колнејќи постојано, фрлајќи камења кон него и дигајќи прав. 14 Царот и сиот народ што го придружуваше стигнаа заморени и здивнаа таму. 15 Меѓутоа Авесалом влезе во Ерусалим со сиот израелски народ; и Ахитофел беше со него. 16 А кога Архиецот Хусај, пријателот Давидов, дојде кај Авесалома, Хусај му рече на Авесалома: „Да живее царот! Да живее царот!” 17 А Авесалом го праша Хусаја: „Дали е тоа твојата верност кон твојот пријател? Зошто не си отиде со својот пријател?” 18 А Хусај му одговори на Авесалома: „Не, туку кого го избра Господ и овој народ и сите Израелци, ќе бидам негов и ќе останам со него. 19 И притоа: кому ќе му служам? Зар не на неговиот син? Како што му служев на татка ти, така ќе ти служам и тебе.” 20 Потоа Авесалом му се обрати на Ахитофел: „Советувај сега: што да правиме?” 21 Ахитофел одговори на Авесалома: „Влези кај соложниците на својот татко, кои ги остави да го чуваат домот: тогаш сиот Израел ќе чуе дека си во спор со татака си, па ќе се охрабрат сите оние кои што се согласија со тебе.” 22 Тогаш оптегнаа шатор за Авесалома на покривот, и Авесалом влезе кај соложниците на својот татко пред очите на сиот Израел. 23 А советот што ќе го дадеше Ахитофел во она време беше како некој да прашува за слово од Бога; толку вредеше секој Ахитофелов совет, и кај Давида и кај Авесалома.
1 Тогаш Ахитофел му рече на Авесалома: „Дозволи да изберам дванаесет илјади луѓе па да се дигнам во потера по Давида уште ноќеска. 2 Ќе нападнам врз него кога ќе биде заморен и без сила; ќе го плашам, и ќе се разбега сиот народ што е со него. Тогаш ќе го убијам самиот цар. 3 А сиот народ ќе го доведам назад кај тебе, ти му работиш спроти глава само на еден човек, што значи враќање на сите, и а сиот народ тогаш ќе биде мирен.” 4 Тоа им се допадна на Авесалома и на сите Израелеви старешини. 5 Ама Авесалом рече: „Да го повикаме уште Архиецот Хусај, да чуеме што ќе ни каже тој!” 6 Кога Хусај дојде кај Авесалома, му рече Авесалом: „Ахитофел советуваше вака. Дали да направиме како што предложи тој? Ако не, зборувај ти!” 7 А Хусај му одговори на Авесалома: „Овој пат Ахитофеловиот совет не е добар.” 8 И Хусај продолжи: „Ти знаеш дека твојот татко и неговите луѓе се јунаци и дека се лути како мечка на која и ги одзеле нејзините мечиња. Твојот татко е воин, тој нема да дозволи народот да почива во ноќта. 9 Тој се крие сега во некаква јама или на некакво друго место. Па ако веднаш во почетокот падне некој од нашите, ќе се рашири глас за пораз на војската што му се придружила на Авесалома. 10 Тогаш и најхрабриот, во кого е срцето како во лав, ќе ја изгуби смелоста. Зашто сиот Израел знае дека твојот татко е јунак и дека се храбри оние кои што го следат. 11 Затоа јас го советувам ова: сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, нека се собере околу тебе, за да биде како песок на морскиот брег, а ти самиот да чекориш во нивната средина. 12 Тогаш ќе нападнеме на него каде и да се наоѓа, ќе се нафрлиме врз него како што росата паѓа на земјата, и не ќе ги оставиме живи ни него ниту еден од неговите луѓе. 13 Ако се повлече во некој град, сиот израелски народ ќе донесе јажиња под оној град па ќе го влечкаме до потокот, сè додека веќе ни камен не ќе остане таму.” 14 Тогаш Авесалом и сите Израелци рекоа: „Подобар е советот на Архиецот Хусај отколку советот на Ахитофела.” Зашто Господ беше одлучил да се осуети Ахитофеловата основа, како би навлекол несреќа врз Авесалома. 15 Потоа Хусај им јави на свештениците Садок и Авијатар: „Ахитофел ги посоветува така и така Авесалома и израелските старешини, а јас советував така и така. 16 Затоа сега јавете му брзо на Давида и порачајте му: ‘Ноќеска немој да ноќеваш во рамниците на пустината, туку премини брзо на друга страна, за да не бидат уништени царот и сета војска што е со него.’” 17 Јонатан и Ахимас се задржуваа кај Рогилскиот Извор; една слугинка доаѓаше и им донесуваше вести, а тие одеа да му го јават тоа на царот Давид, зашто не смееја да се откријат влегувајќи во градот. 18 Ама ги забележа некој момок та му јави на Авесалома. Тогаш двајцата отидоа итно и дојдоа во куќата на некој човек во Ваурим. Во неговиот двор имаше кладенец, и тие се спуштија во него. 19 А жената зеде и распростре покривач преку отворот на кладенецот, и потури врз него истолчени зрна, така што не можеше ништо да се забележи. 20 Авесаломовите слуги дојдоа кај таа жена во куќата и ја прашаа: „Каде се Ахимас и Јонатан?” А жената им одговори: „Отидоа натаму кон водата.” Потоа ги бараа уште, ама не ги најдоа па се вратија во Ерусалим. 21 А кога тие си отидоа, оние двајца излегоа од кладенецот и отидоа да му ја однесат веста на царот Давид. И му рекоа: „Станете и поминете побргу преку водата, зашто Ахитофел советуваше така и така против вас.” 22 Тогаш Давид, и сиот народ што беше со него, се дигна и помина преку Јордан; во зората немаше веќе никој што не поминал преку Јордан. 23 Кога Ахитофел виде дека не се исполни неговиот совет, го насамари своето осле, тргна на пат и си отиде во својата куќа во својот град. Таму се погрижи за својата куќа, потоа се обеси и умре. Го погребаа во гробот на неговиот татко. 24 Давид веќе беше дошол во Маханаим кога Авесалом помина преку Јордан со сите Израелци, кои беа со него. 25 Авесалом го имаше поставено Амаса за заповедник над војската наместо Јоав. А Амаса му беше син на некој човек по име Итра, Исмаилец, кој влезе при Авигеја, ќерката Насова и сестрата Серуина, Јоавовата мајка. 26 Израел и Авесалом поставија логор во Галадската Земја. 27 Кога Давид дојде во Маханаим, тогаш Совиј, синот Насов од Амонската Рава, па Махир, синот Амилов од Ло Девар, и Варзелај, Галадец од Рогелим, 28 донесоа постели, покривки, чаши и земјени садови, покрај тоа пченица, јачмен, брашно, пржено жито, боб, леќа, 29 мед, кисело млеко и кравјо и овчо сирење, и ги понудија Давида и народот што беше со него да јадат. Зашто мислеа: „Луѓето трпеа во пустината глад, замор и жед.”
1 Потоа Давид го изброи народот што беше со него и постави над нив илјадници и стотници. 2 Потоа ја подели војската на три дела: едната третина му ја предаде на Јоава, втората третина на Ависај, а третата третина на Гетеецот Итај. Тогаш Давид му рече на народот: „И јас ќе дојдам со вас во војна.” 3 Но народот се спротиви: „Ти не смееш да одиш. Зашто ние и ако побегнеме, никој не ќе обрнува внимание на тоа, или ако загинеме и половина, не ќе се обрнува внимание на тоа; ама ти самиот вредиш колку десет илјади од нас. Освен тоа, подобро е да бидеш подготвен да ни помогнеш од градот.” 4 А царот им одговори: „Ќе направам сè што ви се чини добро.” И царот застана покрај вратата, додека војската излегуваше по стотини и илјади. 5 А на Јоава, на Ависаја и на Итаја им даде заповед: „Чувајте ми го младиот човек Авесалом!” И сиот народ чу дека царот им заповеда така на своите војводи за Авесалома. 6 Така војската излезе подготвена за бој пред Израел, и се зафати битка во Ефремовата Гора. 7 Давидовите луѓе ја поразија израелската војска; и голем пораз беше во оној ден: дваесет илјади мртви. 8 Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот. 9 Авесалом им падна во рацете на Давидовите луѓе. Авесалом јаваше на мазга, а мазгата помина под гранките на голем даб, така што Авесаломовата глава се закачи за гранките, и тој остана висејќи меѓу небото и земјата, додека мазгата од под него замина натаму. 10 Некој човек го виде тоа и му јави на Јоава, говорејќи: „Токму го видов Авесалома како виси на еден даб.” 11 А Јоав му одговори на човекот кој му го јави тоа: „Кога си го видел, зошто не го срамни на место со земјата? Тогаш мојата должност ќе беше да ти дадам десет сребрени шекели и еден појас!” 12 Ама човекот му одговори на Јоава: „И кога би ми изброил на дланката илјада сребрени сикли, не би кренал рака на царскиот син! Со свои уши чувме кога царот ви заповеда тебе, на Ависај и на Итај, велејќи: ‘Чувајте ми го младиот човек Авесалом!’ 13 Да нападнев подмолно на него излагајќи го на опасност својот живот - зашто на царот ништо не му останува скриено - тогаш и ти би се држал настрана.” 14 А Јоав одговори: „Не ќе губам јас тука време со тебе!” И зеде три стрели во раката и ги забоде во срцето на Авесалома, кој беше уште жив висејќи на дабот. 15 Потоа пристапија десет момчиња, Јоавови штитоносци, и го дотолчкаа Авесалома и го усмртија. 16 Тогаш Јоав заповеда да затрубат во рог, и војската прекрати да го гони Израел, зашто Јоав ја запре војската. 17 Потоа го зедоа Авесалома, го фрлија во длабока јама сред гората и навалија врз неа голем куп камења. Израелците пак избегаа секој во својот шатор. 18 Авесалом уште додека беше жив си постави споменик во Царевата Долина, зашто мислеше: „Немам син кој би го запазил споменот за моето име.” И го нарече тој споменик според своето име, та уште и денес се вика „Авесаломов Споменик.” 19 Ахимас, Садоковиот син, му рече на Јоава: „Одам да му ја соопштам на царот веселата вест дека Господ му додели правда, откако го избави од рацете на неговите непријатели.” 20 Ама Јоав му рече: „Денес не можеш да бидеш гласник, туку тоа ќе бидеш во некој друг ден; денес не можеш да однесеш добра вест, зашто загина царевиот син.” 21 Потоа Јоав му нареди на Етиопецот: „Оди и соопшти му на царот што виде!” Етиопецот му се поклони на Јоава и отрча. 22 А Садоковиот син Ахимас пак го замоли Јоава: „Што и да се случи, дозволи ми да отрчам и јас по Етиопецот.” А Јоав праша: „Зошто би трчал, сине мој, кога таа вест нема да ти донесе награда?” 23 А тој повтори: „Што и да се случи, ќе трчам!” А Јоав му одговори: „Трчај!” И Ахимас отрча низ рамницата и го престигна Етиопецот. 24 Давид токму седеше меѓу две градски врати, а стражарот беше качен на покривот на вратата. Подигнувајќи ги очите, стражарот согледа човек како што трча сам. 25 Стражарот извика и му соопшти на царот, а царот рече: „Ако е сам, носи вест во устата.” Човекот доаѓаше сè поблизу. 26 Тогаш стражарот здогледа друг човек како трча. И извика стражарот кој беше над вратата: „Еве уште еден човек, кој трча сам!” А царот одговори: „Тој е гласник.” 27 Стражарот продолжи: „Го препознавам трчањето на првиот човек: трча како Садоковиот син Ахимас.” А царот одговори: „Тој е добар човек, доаѓа со добра вест.” 28 Ахимас се доближи до царот и го поздрави: „Здраво!” Се фрли со лицето на земјата пред царот и продолжи: „Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој ги напушти луѓето што дигнаа раце против мојот господар и цар!” 29 А царот праша: „Дали е живо момчето Авесалом?” А Ахимас одговори: „Видов голема врева кога царевиот слуга Јоав го испраќаше твојот слуга, ама не знам што беше.” 30 Царот му рече: „Отстапи и застани таму!” Тој отстапи и застана. 31 Тогаш стигна Етиопецот и проговори: „Нека мојот господар цар ја прими добрата вест. Господ денес ти даде правда откако те избави од рацете на сите оние кои што се дигнаа против тебе.” 32 А царот го праша Етиопецот: „Дали е живо момчето Авесалом?” А Етиопецот одговори: „Нека непријателите на мојот господар и цар и сите кои се подигнаа против тебе со лоша намера - поминат како тоа момче!” 33 Царот се возбуди, се искачи во горницата над вратата и заплака; липајќи зборуваше вака: „Сине Авесаломе, сине мој! Сине мој Авесаломе! Ох, да умрев јас место тебе! Авесаломе, сине мој, сине мој!”
1 И му јавија на Јоав: „Ене царот плаче и тагува по Авесалома.” 2 Така победата во оној ден се претвори во жалост за сета војска, зашто војската чу во оној ден дека царот тагува за својот син 3 И во тој ден војската се врати скришно, како што скришно се поткрадува војската што се засрамила бегајќи од бој. 4 А царот го покри своето лице и викаше со сиот глас: „Сине мој Авесаломе! Авесаломе, сине мој! Сине мој!” 5 Тогаш Јоав дојде кај царот во куќата и му рече: „Го срамиш денес лицето на сите свои слуги, кои што денес ти го спасија животот тебе, животот на твоите синови и на твоите ќерки, животот на твоите жени и на твоите соложници, 6 зашто им искажуваш љубов на оние кои те мразат, а омраза на оние кои те љубат. Денес покажа дека ништо не ти е ни до војводите ни до војниците, зашто гледам сега дека ќе ти беше сосем право кога Авесалом би бил жив, а ние сите да загиневме денес. 7 Затоа сега стани, излези и проговори им љубезно на своите војници; зашто, ти се колнам во Господа, ако не излезеш, ниеден човек не ќе остане со тебе ноќеска, и тоа ќе ти биде поголема несреќа од сите што те нашле од твојата младост па досега.” 8 Царот стана и седна при вратата. Му го јавија тоа на сиот народ, говорејќи: „Ене, царот седи при вратата.” И целиот народ дојде пред лицето на царот (кај вратата). А Израелците се разбегаа секој во својот шатор. 9 И сиот народ по сите Израелеви племиња се препираше, говорејќи: „Царот нè избави од рацете на нашите непријатели, тој нè избави од филистејските раце, а сега требаше да побегне од земјата пред Авесалома. 10 А Авесалом кого го помазавме за цар загина во бојот. И така, зошто се двоумите да го доведете царот назад?” 11 Зашто зборовите на сиот Израел стигнаа до царот и до неговата куќа. Затоа царот им порача на свештениците Садок и Авијатар: „Кажете им на јудејските старешини вака: ‘Зошто вие да бидете последни кои ќе го доведат царот во неговата куќа? 12 Вие сте мои браќа, вие сте од моето месо и од моите коски. И така, зошто да бидете последни кои ќе го вратат царот?’ 13 Речете му и на Амаса: ‘Не си ли ти од моите коски и од моето месо? Господ нека ми стори зло и нека ми додаде друго ако не ми бидеш војвода засекогаш над мојата војска место Јоава!’” 14 Тогаш сите луѓе на Јудиниот род се сложија како еден човек и му порачаа на царот: „Врати се со сите свои слуги!” 15 И така царот се врати и дојде до Јордан, а Јудејците беа стигнале до Галгал доаѓајќи му во пресрет на царот, за да го придружуваат царот при преминот преку Јордан. 16 Тогаш побрза и Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, и слезе со Јудејците во пресрет на царот Давид. 17 Имаше со себе илјада луѓе од Венијаминовото племе. И Сива, слугата на Сауловиот дом, со своите петнаесет синови и со своите дваесет слуги, дојде до Јордан пред царот. 18 Добродија сплав за да ги превозат царските синови и за да направат сè што би му било мило. А Гериниот син Симеј се фрли пред нозете на царот кога царот сакаше да помине преку Јордан; 19 и му рече на царот: „Мојот господар нека не ми припишува грев! Не спомнувај си за злото што ти го направи твојот слуга во оној ден кога мојот господар и цар излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце! 20 Твојот слуга гледа дека згрешил; затоа, еве, дојдов денес прв од сиот Јосифов дом за да му излезам во пресрет на својот господар и цар.” 21 Ама Серуиниот син Ависај проговори и рече: „Зар Симеј не заслужува смрт што го проколнуваше Господовиот помазаник?” 22 А Давид одговори: „Што имам јас со вас, Серуини синови, та ме воведувате денес во искушение? Зар би можел денес некој да биде погубен во Израел? Та сега знам дека сум денес пак цар над Израел.” 23 Тогаш царот му рече на Симеј: „Нема да загинеш!” И царот му се заколна. 24 И Сауловиот син Мефивостеј му слезе во пресрет на царот. Тој не ги негуваше ни своите нозе ни своите раце, не ја средуваше својата брада, не ги переше своите облеки од оној ден кога царот замина па сè до денот кога се врати пак во мир. 25 Кога му дојде во пресрет на царот од Ерусалим, царот го праша: „Зошто не тргна со мене, Мефивостеју?” 26 А тој одговори: „Цару господару! Мојот слуга ме измами. Твојот слуга му рече: ‘Насамари ми ја ослицата, да ја јавнам и да тргнам со царот!’ Зашто твојот слуга е хром. 27 Тој го наклевети твојот слуга пред мојот господар и цар. Ама мојот господар и цар е како Божји ангел: затоа прави што е добро во твоите очи. 28 Зашто сиот мој татков дом немаше заслужено друго освен смрт од мојот господар цар, а ти сепак го прими својот слуга меѓу оние кои јадат на твојот стол. Па како уште имам право да се поплачувам пред царот?” 29 А царот му одговори: „Зошто уште да го тегнеш својот говор? Одредувам: ти и Сива поделете си ги нивите!” 30 Мефивостеј му рече на царот: „Нека земе и сè, кога мојот господар цар се врати среќно во својот дом!” 31 И Галадецот Варзелај дојде од Рогелим и продолжи со царот за да го испрати преку Јордан. 32 Варзелај беше многу стар, му беа осумдесет години. Го снабдуваше царот со храна додека престојуваше во Маханаим, зашто беше мошне имотен човек. 33 Царот му рече на Варзелај: „Појди со мене, јас ќе те издржавам во твоите стари денови кај себе во Ерусалим.” 34 А Варзелај му одговори на царот: „А уште колку години ми остануваат за да одам со царот во Ерусалим? 35 Сега ми се осумдесет години; можам ли уште да разликувам што е добро а што зло? Може ли уште да му биде пријатно на твојот слуга тоа што јаде и што пие? Можам ли уште да го слушам гласот на пејачот и пејачката? Зошто твојот слуга уште би му бил товар на својот господар цар? 36 Твојот слуга уште само ќе помине преку Јордан со царот, но зошто царот би ми дал таква награда? 37 Дозволи му на својот слуга да се врати за да умрам во својот град кај гробот на својот татко и својата мајка. Но еве го твојот слуга Хамам, нека оди натаму со мојот господар цар, па стори му нему што е добро во твоите очи!” 38 Царот одговори: „Тогаш Хамам нека иде со мене натаму, а јас ќе му сторам што ти е тебе мило, и што и да ме замолиш, сè ќе му сторам заради тебе.” 39 Кога сиот народ помина преку Јордан, помина и царот, го пољуби Варзелаја и го благослови, потоа овој се врати во своето место. 40 Царот го продолжи патот за Галгал, Хамам одеше со него. Царот го следеа сиот Јудин народ и половината од Израелевиот народ. 41 Тогаш сите Израелци дојдоа пред царот и го прашаа: „Зошто нашите браќа Јудејци те украдоа и зошто ги преведоа преку Јордан нашиот цар и неговиот дом и сите Давидови луѓе со нив?” 42 А Јуда му одговори на Израел: „Царот ми е род мене. Зошто си се налутил заради тоа? Дали јадев на царева сметка? Или нешто си заграбив?” 43 Тогаш Израел му одговори на Јуда: „Јас имам десет делови во царот, и спрема тебе јас сум првороденец. И така зошто ме презре? Не беше ли мојот збор прв кога требаше да биде доведен назад мојот цар?” Но Јудиниот говор беше поцврст од Израелевиот говор.
1 Таму случајно се најде опак човек, по име Сева, син Вихриев, Венијаминец. Тој затруби во рогот и извика: „Ние немаме дел со Давида, ни наследство со Јесеевиот син! Секој во својот шатор, Израелу!” 2 Така сите Израелци го оставија Давида и тргнаа по Вихриевиот син Сева; е Јудејците му останаа приврзани на својот цар и го отпратија од Јордан до Ерусалим. 3 Кога Давид се врати во својот дворец во Ерусалим, ги зеде десетте соложници, кои ги беше оставил да го чуваат дворецот, и ги стави да бидат чувани. Се грижеше за нивното издржување, ама веќе не одеше кај нив. Така тие живееја затворени до својата смрт, како вдовици на жив маж. 4 Потоа царот му заповеда на Амаса: „Свикај ми ги Јудејците во три дни, а и ти да бидеш тука!” 5 Амаса отиде да ги свика Јудејците, но се задржа преку времето што му го беше одредил царот. 6 Тогаш Давид му рече на Ависај: „Сега Вихриевиот син Сева ќе ни биде поопасен отколку Авесалом. Затоа земи ги луѓето на својот господар и тргни во потера по него, за да не стигне до утврдените градови и за да не ни избега од очите!” 7 По Ависаја тргнаа на пат Јоав, Херетејците, Фелетејците, Пелеќанците и сите јунаци; тие излегоа од Ерусалим во потера по Вихриевиот син Сева. 8 Кога беа кај големиот камен што е кај Гаваон, Амаса дојде спроти нив. Јоав имаше на себе воена облека, а преку неа имаше припашан меч покрај бедрото, во ножница; ама мечот му се лизна и падна. 9 Јоав го поздрави Амаса: „Дали си ми добар, брате?” И со десната рака го фати Амаса за брадата за да го пољуби. 10 Амаса не обрнуваше внимание на мечот што беше во раката на Јоава, и тој го удри со него во желудникот и му ја истури утробата на земја. Не требаше да го повтори ударот и Амаса умре. Јоав со својот брат Ависај ја продолжи потерата по Вихриевиот сен Сева. 11 Едно од Јоавовите момчиња остана на стража кај Амаса, и тука викаше: „Кому му е мил Јоав и кој е за Давид, нека го следи Јоава!” 12 А Амаса лежеше во крв сред патот. Откако виде оној човек дека сиот народ застанува, го одвлече Амаса од патот во полето и фрли преку него наметало, зашто виде дека подзапира секој кој ќе наидеше близу до него. 13 Кога Амаса беше отстранет од патот, сите луѓе тргнаа по Јоава, за да го гонат Вихриовиот син Сева. 14 Сева помина низ сите израелски племиња сè до Авел Вет Маак, и сите Виранци со него. Тие се собраа и тргнаа по него. 15 Јоав дојде и го опсадија Авел Вет Маак. Нареди да се изгради насип околу градот. Сета војска што беше со Јоава се нафрли да го поткопува ѕидот за да го разурне. 16 Тогаш една мудра жена се искачи на ѕидот и повика од градот: „Чујте! Чујте! Речете му на Јоава: ‘Дојди ваму, да разговарам со тебе!’” 17 Кога дојде, жената праша: „Ти ли си Јоав?” Тој одговори: „Јас сум.” А таа рече: „Послушај ги зборовите на својата слугинка!” Тој одговори: „Слушам.” 18 Жената продолжи: „Некогаш се зборуваше вака: ‘Треба да се праша во Авел 19 дали е свршено со она што утврдија верниците и мирните во Израел.’ Ти сакаш да уништиш еден град, и тоа еден од матичните градови во Израел. Зошто го сотираш Господовото наследство?” 20 Јоав одговори вака: „Далеку, далеку е тоа од мене! Не сакам ни да сотрувам ни да разурнувам. 21 Не се работи за тоа, туку еден човек од Ефремовата Гора, по име Сева, син Вихриев, ја подигна раката на царот, на Давида. Предајте го само него, па ќе си одам од градот!” Жената му одговори на Јоава: „Добро. Веднаш ќе ти ја фрлат неговата глава преку ѕидот!” 22 Жената се врати во градот и му проговори на сиот народ како што и зборуваше нејзината мудрост. И му ја отсекоа главата на Вихриевиот син Сева и му ја фрлија на Јоава. А тој заповеда да затрубат во рог, та се разотидоа од градот, секој во својот крај. А Јоав се врати кај царот во Ерусалим. 23 Јоав беше заповедник на сета војска. Јодаевиот син Венај беше заповедник на Хетејците и Фелетејците. 24 Адорам беше надгледувач над работите. Ахилудовиот син Јосафат беше летописец. 25 Сеја беше државен писар. Садок и Авијатар беа свештеници. 26 Покрај тоа Јаиранецот Ира беше Давидов заменик.
1 Во Давидовите дни еднаш владеше глад три години едно по друго. Давид Му се обрати на Господа, а Господ му одговори: „Врз Саула и неговиот дом лежи крвна вина, зашто ги погуби Гаваонците.” 2 Тогаш царот ги повика Гаваонците да ги праша. Тие Гаваонци не им припаѓаа на Израелците, туку беа остаток од Аморејците, на кои што Израелците им се заколнаа со заклетва, ама Саул бараше да ги уништи во својата ревност за Израелците и за Јудејците. 3 И Така Давид ги праша Гаваонците: „Што да сторам за вас и со што да ви дадам задоволство, за да го благословите Господовото наследство?” 4 Гаваонците одговорија: „Не бараме ние ни сребро ни злато од Саул и од неговиот дом, ниту ни е да биде погубен некој човек во Израел.” На тоа Давид им рече: „Што ќе речете, ќе направам за вас.” 5 А тие му одговорија на царот: „Човекот кој нè сотруваше и кој смислуваше да нè уништи, за да не нè биде никаде во сето израелско подрачје, 6 нека ни бидат предадени седум луѓе од неговите потомци, за да ги обесиме пред Господа во Саулова Гаваја на Господовата Гора.” Царот одговори: „Ќе ви ги дадам.” 7 Царот го поштеди Мефивостеј, синот на Сауловиот син Јонатан, заради заклетвата пред Господа, што ги поврза, Давида и Јонатана, синот Саулов. 8 Така царот ги зеде двата сина на Ресфа, ќерката на Ајин, која му ги роди на Саула, Армониј и Мефивостеј, и сите пет синови на Михала, Сауловата ќерка, која му ги роди на Адрил, синот Варзелаев, од Меола. 9 Нив им ги даде на Гаваонците, а тие ги обесија на гората пред Господа. Така загинаа сите седум заедно, погубени во првите денови на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва. 10 Ресфа, ќерката на Ајин, зеде вреќа и ја спростре за себе врз камен, од почетокот на јачменовата жетва сè додека не падна дожд од небото врз мртвите тела, и така не ги остави небеските птици да се спуштаат на нив дење ни полските ѕверови ноќе. 11 Кога на Давида му соопштија што направила ќерката на Ајин Ресфа, Сауловата соложница, 12 Давид отиде и ги зеде Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан од жителите на Галадскиот Јавис, кои ги беа однеле скришно од плоштадот во Вет Сан, каде што ги обесија Филистејците во оној ден кога Филистејците го поразија Саула на Гелвуја. 13 Давид ги пренесе оттаму Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан па ги здружи со коските на погубените. 14 И ги закопаа Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан со коските на погубените во Венијаминовата Земја, во Сила, во гробот на Сауловиот татко Кис. Откако исполнија сè што царот заповеда, Бог се смилува на земјата. 15 Еднаш пак почна војна меѓу Филистејците и Израелците. Давид отиде во бој со своите луѓе, та се бореа со Филистејците така што Давид се замори. 16 Јасви Венов, еден од Рефаимовите потомци, чие копје беше тешко три стотини бронзени сикли и кој имаше на појасот нов меч, се фалеше дека ќе го убие Давида. 17 Но на Давида му прискокна на помош Серуиниот син Ависај, тој го удри Филистеецот та го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа, велејќи му на Давида: „Не ќе одиш веќе со нас во бој, за да не го угасиш Израелевиот светилник!” 18 Потоа пак избувна војна со Филистејците во Гова; тогаш Хусанецот Сивехај го погуби Сафа, еден од Рефаимовите синови. 19 Покрај тоа настана војна со Филистејците во Гова; тогаш Јаре-Орегимовиот син Елханан од Витлеем го погуби Гетеецот Голијат, кој имаше копјиште колку ткаачко вратило. 20 Потоа избувна пак војна во Гат, каде што беше некој човек со висок раст: тој имаше на секоја рака и нога по шест прсти, и така дваесет и четири; и тој беше потомок на Рефаим. 21 Кога почна да го хули Израел, го уби Јонатан, син на Давидовиот брат Сама. 22 Тие четворица беа потомци на истиот Рефаим од Гат, а загинаа од Давидовата рака и од рацете на неговите слуги.
1 Давид му ги упати на Господа зборовите на оваа песна во денот кога Господ го избави од рацете на сите негови непријатели и од Сауловата рака. 2 Пееше: „Господи, стено моја, тврдино моја, спасител мој; 3 Боже мој, пештеро моја во која прибегнувам, штит мој, спасение мое, крепост моја! Ти ме избавуваш од насилство. 4 Ќе го повикам Господа, Кој е предостоен за пофалба и ќе бидам избавен од непријателите. 5 Брановите на смртта ме опкружија мене, ме исплашија погубувачките буици. 6 Јажињата на Подземјето ме сопираа, смртоносни стапици паднаа на мене: 7 во неволја го повикав Господа и извикав кон својот Бог. Од Својот Дом го чу мојот повик и моето викање стигна до Неговите уши. 8 И земјата се стресе и се растрепери, се растресоа основите на небесата, се раздвижија, зашто Тој пламна со гнев. 9 Од Неговите носалки се дига дим, од Неговата уста избувна оган, живожарица пламти од Него. 10 Тој ги наведна небесата и слезе, под Неговите нозе - мрачни облаци. 11 Застана над херувим и полета; заброди врз крилјата на ветерот. 12 Се наметна со мракот како со превез, се покри со темни води и со густи облаци, 13 од блесокот пред Неговото лице пламнаа огнени јаглења. 14 Господ загрми од небото, гласот на Сèвишниот ечи. 15 Ги оптегна стрелите и ги распрсна враговите, фрли молњи и ги обори на земјата. 16 Морските дна се покажаа, и основите на светот станаа голи од страшната закана на Господа, од буроносниот здив на Неговиот гнев. 17 Тој ја испружи раката од небото и ме прифати мене, Тој ме избави од силните води. 18 Мене ме ослободи од силниот противник, од моите непријатели посилни од мене. 19 Станаа против мене во злосреќен ден, но Господ ме заштити, 20 ме изведе во широко поле, ме спаси, зашто сум Му мил. 21 Според мојата праведност Господ ми врати, според чистотата на моите раце Тој ме награди, 22 зашто ги пазев Господовите патишта, не се оддалечив од својот Бог. 23 Неговите одредби се пред моите очи, не ги отфрлив Неговите заповеди, 24 Нему Му бев верен до с’ржта, се чувам од секој грев. 25 Господ ми врати според мојата правда, ја виде чистотата на моите раце. 26 Со пријателот Ти си пријател, на чесниот со чесност му враќаш. 27 Со чистиот човек Ти си чист, а итриот го надигруваш, 28 зашто на понизниот народ му донесуваш спасение, а ги понижуваш горделивите очи. 29 Господи, Ти ја запалуваш мојата светилка, Боже, ја осветлуваш мојата темнина: 30 со Тебе удирам врз непријателските чети, со својот Бог ги прескокнувам ѕидовите. 31 Совршени се Господовите патишта, и Господовото слово е испитано со оган. Тој им е штит на сите, кои прибегнуваат кај Него. 32 Зашто кој е Бог освен Господ? Кој е стена освен нашиот Бог? 33 Тој Бог ме опашува со сила, и ја отстранува гибелта од мојот пат. 34 Ми даде нозе брзи како на кошута, и ме постави на безбедни височини, 35 ми ги извежба рацете за борба и мишките за да оптегнуваат бронзен лак. 36 Ми го даваш Својот штит што спасува, Твојата грижливост ме возвиси. 37 Верба му даваш на мојот чекор, и моите нозе веќе не се сопнуваат. 38 Ги гонев своите непријатели и ги настигнав, и не се вратив додека не ги уништив. 39 Ги оборувам, не можат да се дигнат, паѓаат, ми лежат под нозете. 40 Ти ме опаша со сила за борба, а моите противници ми ги подложи мене. 41 Ти ги натера во бегство моите врагови, и ги распрсна оние кои што ме мразеа. 42 Викаат на помош, никој да помогне, викаат кон Господа, не се одѕвива. 43 Ги здробив како прав на ветер, ги згазив како кал на патот. 44 Ти ме избави од буната во мојот народ, ме постави за главатар на незнабошците, народ, што не го познавав, ми служи. 45 Тој го слуша покорно секое мое шептење. Синови туѓинци ми ласкаат мене. 46 Туѓинските синови ја губат смелоста, излегуваат треперејќи од своите тврдини. 47 Жив е Господ! Благословена да е мојата Стена! Нека се возвиши Господ, моето спасение! 48 Бог Кој ми дава одмазда и ми ги покорува мене народите. 49 Ме избавуваш од моите непријатели, и ме издигаш над моите противници, Ти ме спасуваш мене од човекот - силник. 50 Затоа Те славам, Господи, меѓу народите и ќе го воспевам Твоето Име: 51 ги умножи победите на Својот цар, му искажа милост на Својот помазаник, на Давида и на неговото потомство довека.”
1 Ова се последните Давидови зборови: Слово на Давида, Јесеевиот син, збор на човек кој беше високо воздигнат, на помазаникот на Јакововиот Бог, на пејачот на Израелевите песни: 2 ”Господовиот Дух зборува преку мене, Неговото слово е на мојот јазик. 3 Јакововиот Бог ми рече, Израелевата Стена ми рече: ‘Кој владее праведно со луѓето, и кој владее со страв Божји, 4 тој е како утринската светлина кога ќе огрее сонцето, утро без облаци, на кое светка земната трева после дождот.’ 5 Да, мојата куќа стои цврсто пред Бога: Тој склучи вечен Завет со мене, во сè добро уреден и утврден. Да, Тој ќе направи да напреднува сето мое спасение и секоја моја желба. 6 Беззакониците се како трња во пустината, зашто никој не ги фаќа со рака. 7 Никој не ги допира освен со железо и со дршка на копјето и потполно ги изгоруваат во оган.” 8 Ова се имињата на Давидовите јунаци: Тахмонецот Јосев-Васевет, првак меѓу тројца; тој замавна со своето копје против осум стотини и ги погуби одеднаш. 9 По него доаѓа Елеазар, синот Додонов, Ахоховец, еден од тројцата јунаци; тој беше со Давида кај Пас Дамин кога се собраа таму Филистејците за бој, а Израелците се повлекоа пред нив. 10 Ама тој се држеше цврсто додека раката не му се здрви и остана како зарастена со мечот. Господ даде голема победа во оној ден, па војската се врати со Елеазара, но само за да го собере пленот. 11 По него доаѓа Сама, синот Елин, Харерец; кога Филистејците се собраа во Лехија, полето беше полно со леќа, а војската беше избегана пред Филистејците. 12 Тогаш тој застана сред полето и го одбрани, и ги разби Филистејците. Така Господ даде голема победа. 13 Еднаш тројцата од триесетмина тргнаа на пат и во почетокот на жетвата дојдоа кај Давида во Одоламската Пештера, кога една филистејска чета беше влогорена во Рефаимската Долина. 14 Давид тогаш беше во својата крепост, а филистејската посада тогаш беше во Витлеем. 15 Давид издивна: „О кога некој би ме напил со вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата?” 16 Тогаш тие тројца јунаци продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од витлеемскиот кладенец што е кај вратата, му ја донесоа и дадоа на Давида. Ама Давид не сакаше да ја пие, туку ја излеа пред Господа, 17 зборувајќи: „Господ да не ми даде да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та излагајќи го животот на гибел, донесоа вода!” И не сакаше да пие. Ете, тоа го направија тие три јунаци. 18 Ависај, Јоавовиот брат а синот Серуин, беше војвода над триесетмина. Тој мавташе со копјето против три стотини, ги погуби и се прослави меѓу триесетмината. 19 Тој се одликуваше меѓу триесетмината и стана нивни главатар, ама не ги достигна тројцата. 20 Синот Јодаев Венаја, јунак од Кавсеила, богат со јуначки дела, му ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јамата. 21 Уби и некој Египетец, крупен човек. Египетецот имаше копје во раката, а тој излезе пред него со стап: истргнувајќи му го на Египетецот копјето од раката, го уби со неговото копје. 22 Тоа го направи Јодаевиот син Венаја и се прослави меѓу триесетмината јунаци. 23 Беше најпознат меѓу триесетмината, ама не ги достигна оние први три; Давид го постави за заповедник на своите телохранители. 24 Асаил, братот Јоавов, беше меѓу триесетмината. Потоа: Елханан син Додонов, од Витлеем; 25 Сама, од Арод; Елика од Арод; 26 Хелис, од Фалет; Ира син Икисов, од Текоја; 27 Авиезер, од Анатот; Сибекај, од Хуса; 28 Ахохиецот Салмон, Нетофатецот Марај; 29 Хелев, синот Ванин, од Нетофа; Итај, синот Ривеев, од Гаваја на Венијаминовите синови; 30 Венаја од Пиратон; Идај од Гаскиот Поток; 31 Ави Алвон, од Вет Арава; Азмавет, од Варуим; 32 Елијав, од Салвона; Јасин, син Јонатанов; 33 Сама, од Арара; Ахијам, син Сараров, од Арера; 34 Елифелет, син Асвеев, од Вет Маха; Елијам, син Схитофелов, од Гилон; 35 Есрај, од Кармил; Фареј, од Арава, 36 Игал, син Натанов, од Сова; Ваниј од Гад; 37 Селек, Амонец, Нареј, од Вирот, штитоносец на Серуиниот син Јоав; 38 Ира, од Јетра; Гарив, од Јетра; 39 Уриј, Хетеец; вкупно триесет и седум.
1 Уште еднаш Господовиот гнев пламна на Израелците та го поттикна Давида против нив, зборувајќи: „Оди, изброј ги Израелците и Јудејците!” 2 И царот им заповеда на Јоав и на војводите кои беа со него: „Посетете ги сите Израелеви племиња од Дан до Вирсавеа и изброите го народот, за да знам колку народ има.” 3 Јоав му одговори на царот: „Господ, твојот Бог, нека му даде на Својот народ уште стопати толку колку што го има сега, и тоа нека го види мојот господар цар, ама зошто мојот господар цар има таква желба?” 4 Ама царскиот збор беше посилен од зборовите на Јоава и на војводите на неговата војска. Така Јоав и војводите отидоа од кај царот за да го избројат Израелскиот народ. 5 Тие поминаа преку Јордан и почнаа кај Ароир и кај градот што лежи сред долината и тргнаа оттаму кон Гадците и кон Јазир. 6 Потоа дојдоа во Галад и во земјата на Хетејците, во Кадис; потоа стигнаа во Дан, а од Дан свртија спрема Сидон. 7 Потоа дојдоа до крепоста Тир, и во сите градови на Евејците и Ханаанците, и го завршија својот пат во Јудиниот Негев, во Вирсавеа. 8 Откако ја обиколија сета земја се вратија по девет месеци и дваесет денови во Ерусалим. 9 Јоав му го даде на царот пописот на народот: Израелците беа осум стотини илјади борци вешти со меч, а Јудејците пет стотини илјади луѓе. 10 Потоа Давида почна да го пече совеста зашто даде да се брои народот, па му рече на Господа: „Многу згрешив дека го направив тоа! Ама, Господи, прости му ја таа вина на својот слуга, зашто постапив крајно неразумно.” 11 Кога Давид стана наутро, Господовото слово веќе му беше дошло на пророкот Гад, Давидовиот гледач: 12 ”Оди и кажи му на Давида: ‘Вака зборува Господ: „Три нешта ставам пред тебе, избери едно од нив, да ти сторам!”‘“ 13 Така Гад дојде кај Давида и му го соопшти ова: „Сакаш ли да дојдат три гладни години во твојата земја, или да бегаш три месеци пред своите непријатели кои ќе те гонат, или да има три дни помор во твојата земја? Сега размисли и гледај што да Му одговорам на Оној, Кој ме пратил!” 14 Давид му одговори на Гад: „На голема мака сум! Но нека паднеме во рацете на Господа, зашто е големо Неговото милосрдие, а нека не паднам во човечки раце!” 15 И така Давид го избра поморот. Токму беше време на пченичната жетва. Господ пушти помор на Израел од утрото па до одреденото време; и поморот удри по народот, и умреа седумдесет илјади луѓе од Дан до Вирсавеа. 16 Кога ангелот ја протегна својата рака на Ерусалим за да го уништи, на Господа му се сожали заради тоа зло, па му рече на ангелот кој го убиваше народот: „Доста е сега! Повлечи ја својата рака!” А Господовиот ангел беше токму кај гумното на Евусеецот Орнан. 17 Кога Давид го виде ангелот кој го убиваше народот, извика кон Бога: „Еве, јас згрешив, јас направив зло! А тие, овците, што скривија? Твојата рака нека падне врз мене и врз моето семејство!” 18 Во истиот ден дојде Гад кај Давида и му рече: „Оди и подигни Му на Господа жртвеник на гумното на Евусеецот Орнан!” 19 И Давид отиде според Гадовите зборови, како што Му заповеда Господ. 20 Кога Орнан погледна, ги забележа царот и неговите дворјанци како што одат кон него. Орнан излезе и му се поклони на царот со лицето до земја. 21 Орнан праша: „Зошто мојот господар цар дојде кај својот слуга?” А Давид одговори: „За да го купи од тебе ова гумно, за да Му изгради жртвеник на Господа, па да прекрати поморот во народот.” 22 Орнан му рече на Давида: „Мојот господар и цар нека го земе и нека жртвува она што е добро во неговите очи! Еве говеда за паленици, млатови и волска спрема за дрва! 23 Сè тоа слугата на мојот господар цар му го подарува на царот!” Уште му рече Орнан на царот: „Господ, твојот Бог, нека ти биде милостив!” 24 Но царот му одговори на Орнан: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам; нема да Му принесувам на Господа, својот Бог, паленици што ми се подарени.” И така Давид ги купи гумното и говедата за педесет сребрени сикли. 25 Таму Давид Му изгради жртвеник на Господа и принесе паленици и помирителни жртви. Тогаш Господ и се смилува на земјата, и прекрати поморот во Израел.
1 Кога царот Давид остаре и напредна во годините; иако го покриваа со многу покривачи, не можеше да се згрее. 2 Тогаш неговите слуги му рекоа: „Треба да се побара за господарот млада девојка, која ќе стои при царот и ќе му служи: кога ќе спие на неговото крило, тоа ќе го стопли господарот.” 3 И така побараа убава девојка низ сета Израелска Земја; и ја најдоа Сунамката Ависага, та му ја доведоа на царот. 4 Девојката беше вонредно убава; го негуваше царот и му служеше, ама тој не ја позна. 5 Тогаш Адониј, синот Агитин, се возгордеа и помисли: „Јас ќе бидам цар!” Затоа си набави кола и коњаници и педесет луѓе кои одеа пред него. 6 Неговиот татко никогаш во својот живот не го укори ниту го праша некогаш: „Зошто правиш така?” Освен тоа беше со висок раст и убав, а мајката го роди по Авесалома. 7 Тој се договараше со Јоава, синот Серуин, и со свештеникот Авијатар, па двајцата му се приклучија на Адониј. 8 Ама свештеникот Садок и Јодаевиот син Венаја, пророкот Натан, и Симеј и Реј, и Давидовите јунаци, не му пристапија на Адониј. 9 Еднаш Адониј закла овци, волови и згоени телиња за жртва кај Зоелетскиот Камен, близу изворот Рогил, та ги повика сите свои браќа, царевите синови, и сите Јудејци во царева служба; 10 но не го повика пророкот Натан, ни другите јунаци, а ни својот брат Соломон. 11 Тогаш Натан и рече на Витсавеа, на Соломоновата мајка: „Зар не чу дека Адониј, синот Агитин, стана цар, а нашиот господар, Давид за тоа и да не знае? 12 Дојди да те посоветувам како би можела да го спасиш својот живот и животот на својот син Соломон. 13 Ајде, оди кај цар Давида и речи му: ‘Зар ти, господару мој цару, не и се заколна на својата слугинка, велејќи: „Твојот син Соломон ќе царува по мене, и тој ќе седи на мојот престол!” Како сега Адониј стана цар?’ 14 И додека ти бидеш таму и разговараш со царот, ќе дојдам јас по тебе и ќе ги потврдам твоите зборови.” 15 Витсавеа отиде кај царот во собите - а тој беше многу стар, и Сунамката Ависага му служеше. 16 Витсавеа му се поклони и падна ничкум пред царот, а царот праша: „Што сакаш?” 17 Таа му одговори: „Господару, ти и се заколна на својата слугинка во Господа, својот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене, тој ќе седне на мојот престол.’ 18 А еве, сега, Адониј стана цар, а ти цару, господару мој, ништо за тоа и не знаеш! 19 Тој закла многу волови, згоени телиња и овци за жртва и ги повика сите царски синови, свештеникот Авијатар и војсководачот Јоав, но твојот слуга Соломон не го повика. 20 Сега, господару мој и цару, свртени се кон тебе очите на сиот Израел, за да го известиш кој ќе те наследи на твојот престол, цару, господару мој. 21 Инаку, штом почине царот, мојот господар, покрај своите татковци, јас и мојот син Соломон ќе бидеме виновници.” 22 Додека таа уште зборуваше со царот, дојде пророкот Натан. 23 Му јавија на царот: „Тука е пророкот Натан.” Тој влезе кај царот и падна ничкум пред него. 24 Натан рече: „Господару мој и цару, дали ти одреди: ‘Адониј ќе царува по мене и ќе седи на мојот престол?’ 25 Зашто еве денес закла волови, згоени телиња и овци за жртва, и ги повика сите царски синови, војсководачи и свештеникот Авијатар; ене ги каде јадат и пијат со него и воскликнуваат: ‘Да живее царот Адониј!’ 26 Но мене, твојот слуга, свештеникот Садок, а ни Венаја, синот Јодаев, ни твојот слуга Соломон не нè повика. 27 Зар тоа се случи по волјата на мојот господар цар, а да не го извести својот верен слуга кој ќе биде наследник на престолот на мојот господар цар по него?” 28 Тогаш Давид проговори и рече: „Повикајте ми ја Витсавеа!” Таа дојде кај царот и истапи пред него. 29 Тогаш царот и се заколна: „Така ми живиот Господ Кој ме избави од сите неволји! 30 Денес ќе ти исполнам како што ти се заколнав во Господа, Израелевиот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене’, тој ќе седи на мојот престол!” 31 Тогаш Витсавеа се наведна со лицето до земја, се поклони пред царот и рече: „Вечно нека живее мојот господар цар Давид!” 32 А Давид рече: „Повикајте ми ги свештеникот Садок, пророкот Натан, и Венаја, синот Јодаев.” И Тие дојдоа цред царот, 33 а тој им рече: „Земете ги со вас слугите на својот господар, качете го мојот син Соломон на мојата мазга и одведете го до Гион. 34 Таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израел. Тогаш затрубете и објавете: ‘Да живее цар Соломон!’ 35 Потоа искачете се со него ваму, и нека влезе и нека седне на мојот престол, и нека царува место мене, зашто моја волја е: тој нека биде глава над Израел и над Јуда.” 36 Венаја, синот Јодаев, му рече на царот: „Амин - така нека биде! Тоа е и слово на Господа, Господарот на царевите! 37 Како што Господ беше со мојот господар цар, така нека биде и со Соломон! Нека го возвиши неговиот престол уште повеќе отколку престолот на цар Давид, на мојот господар!” 38 Свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Венаја, Херетејците и Фелетејците слегоа и го ставија Соломона на царевата мазга, и го одведоа во Гион. 39 Свештеникот Садок донесе од Шаторот рог со масло и го помаза Соломона. Тогаш екнаа трубите, и сиот народ извика: „Да живее цар Соломон!” 40 И сиот народ тргна по него горе, и народот свиреше во свирки и воскликнуваше, така што се тресеше сета земја. 41 Адониј и сите негови повиканици го чуја тоа. Токму беа на крајот на гозбата. И Јоав ги чу трубите, па праша: „Зошто е таа врева во градот?” 42 Додека тој уште зборуваше, стигна Јонатан, синот на свештеникот Авијатар, и Адониј му рече: „Ти си добар човек, навистина носиш добра вест!” 43 Јонатан одговори: „Да, нашиот господар, цар Давид, го направи Соломона цар! 44 Царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, и Јодаевиот син Венаја, и Херетејците и Фелетејците. Тие го ставија на царевата мазга, 45 и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа на Гион за цар. Потоа слегоа воскликнувајќи радосно, и сиот град зовре; тоа е вревата што ја чувте. 46 Уште повеќе: Соломон веќе седна на царскиот престол, 47 и дојдоа царските слуги да му честитаат на нашиот господар цар Давид, велејќи: ‘Твојот Бог нека го прослави Соломоновото име повеќе од твоето име и нека го возвиши неговиот престол повеќе од твојот.’ Царот тогаш се поклони во својата постела 48 и рече вака: ‘Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој ми даде денес да можам да видам со свои очи еден од моите како што седи на мојот престол.’” 49 Сите Адониеви гости, исплашени, станаа од столот и си отидоа секој по својот пат. 50 Адониј пак, во страв од Соломона, стана и отиде, та се фати за роговите на жртвеникот. 51 Му јавија на Соломона: „Ете, Адониј се исплаши од царот Соломон, и ене се држи за роговите на жртвеникот, велејќи: ‘Царот Соломон нека ми се заколне денес дека нема да го погуби со меч својот слуга.’” 52 На тоа Соломон рече: „Ако се покаже чесен човек, нема да му падне ни влакно од главата на земја; а ако се најде во него зло, ќе загине.” 53 Тогаш Соломон нареди да го отстранат од жртвеникот; тој дојде и му се поклони на Соломона, кој му рече: „Оди си во својот дом!”
1 Кога Давидовите денови се приближија до својот свршеток, Давид му заповеда на својот син Соломон: 2 ”Сега поаѓам на патот на сите смртници. Ти биди храбар и покажи се маж. 3 Слушај ги наредбите на Господа, својот Бог, оди по Неговите патишта, држи се за Неговите закони и наредби и за Неговите поуки, како што е напишано во Мојсеевиот Закон, за да успееш во сè што ќе преземеш и секаде каде што ќе се завртиш; 4 за да го исполни Господ Своето ветување што ми го даде: ‘Ако твоите синови ќе пазат на својот пат, одејќи верно пред Мене, со сето свое срце и со сета своја душа, секогаш еден од нив ќе седи на Израелевиот престол.’ 5 И самиот знаеш што ми стори Јоав, синот Серуин, што им направи на двата Израелеви војсководачи: на Авенир синот Ниров, и на Амас, синот Етеров, кога ги уби и со тоа пролеа крв во мир како во војна, та го испрска со крв појасот околу својот крст и обувките на своите нозе. 6 Ти постапи според својата мудрост, и не оставај неговата седа коса да почине мирно во гробот. 7 А на синовите на Галадецот Варзелај врати им ја љубовта: нека бидат меѓу оние кои ќе јадат покрај твојот стол, зашто ми помогнаа кога бегав пред твојот брат Авесалом. 8 Пред себе го имаш Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, кој ме проколнуваше со ужасни клетви во оној ден кога бегав во Маханаим. Ама тој ми слезе во пресрет при Јордан, и му се заколнав на Господа: ‘Нема да го погубам со меч.’ 9 Ама ти не му го проштавај тоа, зашто си мудар човек, и веќе ќе знаеш како треба да постапиш за да му ја испратиш седата коса со крв во гробот.” 10 И потоа почина Давид покрај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град. 11 Давид царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, во Ерусалим царуваше триесет и три години. 12 Соломон седна на престолот на Давида, својот татко, и неговата власт мошне се зацврсти. 13 Ама Адониј, синот Агитин, дојде кај Витсавеа, Соломоновата мајка, и падна ничкум пред неа. Таа го праша: „Дали е со мир твоето доаѓање?” Тој одговори: „Да, со мир е.” 14 И продолжи: „Имам нешто да ти речам.” Таа рече: „Зборувај.” 15 Тогаш тој рече: „И самата знаеш дека царството ми припаѓаше мене, и дека сиот Израел чекаше јас да бидам цар. Ама царството се измести од мене, и му припадна на мојот брат, зашто Господ му го наменил. 16 Сега јас те молам само едно: Немој да ме одбиеш.” Таа рече: „Зборувај.” 17 А тој продолжи: „Речи му те молам, на царот Соломон, да ми ја даде за жена Сунамката Ависага!” 18 А Витсавеа одговори: „Добро, ќе му зборувам на царот за тебе.” 19 И така кога Витсавеа влезе кај царот Соломон за да зборува за Адониј, царот стана и и тргна во пресрет, се поклони пред неа, потоа седна на својот престол, и заповеда те наместија столица за царицата мајка, и таа седна од неговата десна страна. 20 Тогаш му рече: „Нешто ќе побарам од тебе, немој да одбиеш.” Царот и одговори: „Барај мајко, зашто нема да те одбијам.” 21 Таа продолжи: „Нека му биде дадена на твојот брат за жена Сунамката Ависага.” 22 Царот Соломон одговори и и рече на својата мајка: „Зошто ја бараш Сунамката Ависага за Адониј? Барај веднаш и царство за него! Зашто тој е мој постар брат, а со него се свештеникот Авијатар и Јоав, синот Серуин!” 23 Тогаш царот Соломон се заколна во Господа: „Бог нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго, ако Адониј не го изрече тоа по цена на својот живот! 24 Живиот ми Господ, Кој ме потврди и ме стави на престолот на мојот татко Давид, и Кој ми даде дом како што вети: Адониј ќе умре уште денес.” 25 И царот Соломон го испрати Венаја, синот Јодаев, кој го удри, та Адониј умре. 26 Потоа царот му нареди на свештеникот Авијатар: „Оди во Анатот на својот имот. Си заслужил смрт, ама нема да те погубам денес, зашто го носеше Господовиот Ковчег пред мојот татко Давид и ги сподели сите страдања со мојот татко.” 27 И Соломон го исклучи Авијатара од Господовото свештенство, за да го исполни така Господовиот збор, што го изрече против Илиевиот дом во Сило. 28 Кога гласот стигна до Јоава - Јоав беше со Адониј, иако не му се приклучи на Авесалома - тој избега во Господовиот Шатор и се фати за роговите на жртвеникот. 29 И му јавија на царот Соломон: „Јоав избега во Господовиот Шатор, ене го покрај жртвеникот.” Тогаш Соломон му порача на Јоава: „Зошто се држиш за жртвеникот?” Јоав одговори: „Се исплашив од тебе и побегнав пред Господа.” Тогаш Соломон му нареди на Венаја, синот Јодаев: „Оди и убиј го!” 30 Венаја отиде во Господовиот Шатор и му рече на Јоава: „По царска наредба: излези!” Тој одговори: „Не сакам, имам желба да умрам тука!” Венаја му јави на царот: „Ете што ми рече Јоав и што ми одговори.” 31 Царот му рече: „Направи како што рекол: убиј го, потоа закопај го. Така ќе ја симнеш од мене и од домот на мојот татко невината крв што Јоав ја пролеа. 32 Господ ќе направи неговата крв да падне на неговата глава, зашто уби два човека поправедни и подобри од себе; ги уби со меч без знаење на татка ми Давида: Авенира, синот Ниров, водачот на Израелевата војска, и Амаса, синот Етеров, јудејскиот војвода. 33 Нивната крв нека падне на главата на Јоава и на неговото потомство довека, а на Давида, на неговото потомство, на владеечката куќа и на престолот, нека им биде траен мир од Господа.” 34 И Венаја, синот Јодаев, отиде, се нафрли врз Јоава и го усмрти. Го погребаа Јоава во неговиот дом во пустинатата. 35 На негово место царот го постави на чело на војската Венаја, синот Јодаев, а на местото на Авијатар го постави свештеникот Садок. 36 Соломон го повика Симеја и му рече: „Изгради си куќа во Ерусалим: тука живеј, и не излегувај оттаму никаде. 37 Во оној ден кога ќе излезеш и кога ќе го поминеш потокот Кедрон, знај дека ќе умреш. Твојата крв на твоја глава.” 38 Симеј му одговори на царот: „Добро. Како што ќе каже мојот господар цар, така ќе направи твојот слуга.” И Симеј живееше долго во Ерусалим. 39 Но по три години се случи да му избегаат на Симеј двајца слуги кај Ахис, синот Махин, гатскиот цар. И го известија Симеј: „Ене ти ги слугите во Гат.” 40 Тогаш Симеј стана, го насамари ослето и отиде во Гат, кај Ахис, за да ги бара своите слуги. И Симеј се врати и ги доведе своите слуги од Гат. 41 И му јавија на Соломона: „Симеј отиде од Ерусалим во Гат, и се врати.” 42 Царот го повика Симеја и му рече: „Не се заколнав ли во Господа и нели те опоменав строго: ‘Во оној ден кога ќе излезеш и ќе тргнеш било каде, знај добро дека ќе умреш!’ А ти ми одговори тогаш: ‘Добар е зборот што го чув.’ 43 Зошто не ја запази Господовата заклетва и заповедта што ти ја дадов?” 44 Уште му рече царот на Симеја: „Ти го знаеш сето зло што си му го сторил на татака ми Давида. Твоето срце е свесно за тоа. Господ нека направи твоето зло да се врати на твојата глава. 45 А царот Соломон е благословен, и Давидовиот престол ќе биде цврст пред Господа довека.” 46 И царот му заповеда на Венаја, синот Јодаев, та тој излезе и го удри Симеја, и така Симеј умре. Така се зацврсти царството во Соломоновата рака.
1 Соломон се спријатели со фараонот, египетскиот цар: се ожени со фараоновата ќерка, и ја доведе во Давидовиот Град додека не ја сврши градбата на својот дворец, на Господовиот Храм и на ѕидовите околу Ерусалим. 2 Народот пак принесуваше жртви на високи места, зашто уште не беше изграден до тоа време Храм на Господовото име. 3 А Соломон го љубеше Господа: се управуваше според наредбите на својот татко Давид, само принесуваше жртви и кадеше на високите места. 4 Царот отиде во Гаваон за да принесе жртва, зашто таму беше главниот жртвеник. Соломон принесе илјада паленици на жртвеникот. 5 Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон. Бог рече: „Барај што да ти дадам.” 6 Соломон одговори: „Многу наклонет беше кон Својот слуга Давид, мојот татко, зашто одеше пред Тебе во верност, справедливост и чесност на своето срце; и му ја запази таа голема милост и даде еден од неговите синови да седи на неговиот престол. 7 Сега, о Господи, ти го направи цар Својот слуга на местото на мојот татко Давид, а јас сум уште сосем млад, та уште не знам да владеам. 8 Твојот слуга е сред народот што си го избрал; народ броен што не може ни да се изброи ни да се опфати со попис. 9 Дај му на Својот слуга проницливо срце за да може да му суди на Твојот народ, да разликува добро од зло, зашто кој би можел да управува со Твојот народ кој е толку голем!” 10 На Господа Му беше мило дека Соломон молеше за тоа. 11 Затоа Господ му рече: „Зашто го бараше тоа, а не посака ни долг живот, ни богатство, ниту смрт за своите непријатели, туку проницливост во пресудувањето на правдата, 12 еве ќе направам според твоите зборови: ти давам мудро и разумно срце, какво што немал никој пред тебе ниту ќе го има некој по тебе, 13 но ти давам и што не бараше: богатство и слава каква што нема никој меѓу царевите. 14 И ако одиш по Моите патишта и ако ги пазиш Моите закони и заповеди, како што правеше твојот татко Давид, ќе ги умножам твоите денови.” 15 Соломон се разбуди, и ете: тоа беше сон. Тој се врати во Ерусалим и застанаа пред Ковчегот на Божјиот Завет; принесе паленици и помирителни приноси, и им приреди гозба на сите свои слуги. 16 Тогаш дојдоа кај царот две блудници и застанаа пред него. 17 И едната жена рече: „Дозволи, господару мој! Јас и оваа жена живееме во иста куќа, и јас родив покрај неа во куќата. 18 А на третиот ден по моето породување роди и женава. Бевме заедно, и никој туѓ со нас; само ние двете во куќата. 19 Во една ноќ умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него. 20 И таа стана сред ноќта, го зеде мојот син од покрај мене, додека твојата слугинка спиеше, и си го стави во својата прегратка, а својот мртов син го стави покрај мене. 21 А кога утрото станав да го надојам својот син, ете: тој беше мртов! И кога погледнав внимателно, разбрав: тоа не е мојот син кого што јас го родив!” 22 Тогаш рече втората жена: „Не, не е така. Мој син е оној живиот, а твој е оној што е мртов!” А првата и одговори: „Не е вистина! Твој син е оној кој е мртов, а мојот е оној што е жив!” И така се препираа пред царот. 23 А тогаш царот проговори: „Оваа вели: ‘Овој живиот е мој син, а оној мртвиот твој;’ другата пак вели: ‘Не е, туку твојот син е мртов, а мојот е оној - живиот.’ 24 Донесте меч!” нареди царот. И донесоа меч пред царот, 25 а тој рече: „Пресечете го живото дете надве и дајте и половина на едната, а половина на другата.” 26 Тогаш жената, мајката на живото дете, ја заболе срцето по синот, и таа му извика на царот: „Ах, господару! Детето нека и биде дадено нејзе, само немојте да го убиете!” А онаа - другата зборуваше: „Нека не биде ни мое ни твое: пресечете го!” 27 Тогаш царот проговори и рече: „Дајте и го детето на првата, не убивајте го за ништо! Таа му е мајка.” 28 Сиот Израел ја чу пресудата што ја изрече царот, и го почитуваа царот, зашто видоа дека во него е Божја мудрост во изречувањето на правдата.
1 Царот Соломон беше цар над сиот Израел, 2 а еве ги неговите првенци: Азариј, синот Садоков, свештеник; 3 Елиореф и Ахиј, синовите Сисини, летописци; Јосафат, синот Ахилудов, советник; 4 Венаја, синот Јодаев, војсководач; Садок и Авијатар, свештеници; 5 Азариј, синот Натанов, беше над намесниците; Завуд, синот Натанов, царев пријател; 6 Ахисар, управител на дворецот; Елијав, синот Јоевов, заповедник на војската; Адонирам, синот Авдин, настојник над трудбениците. 7 Соломон имаше по сиот Израел дванаесет намесници, кои што ги снабдуваа царот и неговиот дом; секому му доаѓаше ред по еден месец во годината да го подмирува тоа издржување. 8 Еве ги нивните имиња: синот Уров во Ефремовата Гора; 9 синот Декеров во Макаса, во Салвим, во Вет Семес, во Елон до Вет Ханан; 10 синот Еседов, во Арувот; под него беше Сохо и сиот Еферски крај; 11 синот Авинадавов, над сето Дорско Окружје; жена му беше Тафе, Соломонова ќерка, 12 Вана, синот Ахилудов, во Тенахом и во Мегидон, и во сиот Вет Сан, што е покрај Сартана подолу од Езраел, од Вет Сана до Авел Меол, и до преку Јокмеам. 13 синот Геверов во Галадскиот Рамот; негови беа селата на Јаир, синот Манасиев, што се во Галад; го имаше и подрачјето Аргов што лежи во Васан, шеесет тврди градови, опашани со ѕидови и со бронзени лостови; 14 Ахинадав, синот Идов, во Маханаим; 15 Ахимас во Нефталим; и тој се ожени со една Соломонова ќерка - со Васемата. 16 Ванес, синот Хусаев, во Асир и на висорамнините; 17 Јосафат, синот Фаруин, во Исахар; 18 Симеј, синот Илин, во Венијамин; 19 Гевер, синот Уриев во земјата Галад, земјата на Сион, аморејскиот цар, и на Ог, васанскиот цар. Освен тоа беше уште еден намесник во земјата. 20 Јуда и Израел беа многубројни, беа како песок на морскиот брег. Јадеа и пиеја и беа среќни. 21 Соломон ја прошири својата власт над сите царства од Реката сè до Филистејската Земја и до египетската меѓа. Тие го донесуваа својот данок и му служеа на Соломона во сите денови на неговиот живот. 22 Секој ден му требаше на Соломона за храна: триесет кори чисто брашно и шеесет кори обично брашно, 23 десет згоени волови, дваесет волови од пасиште, стотина овци, освен елени, срни, диви кози и згоена живина. 24 Зашто тој владееше над сè одваму Реката - од Тафсе до Газа, над сите цареви отаде Реката (Еуфрат) и имаше мир на сите граници наоколу. 25 Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век. 26 Соломон имаше четириесет илјади коњи за влечење и дванаесет илјади за јавање. 27 Тие намесници се грижеа за снабдување на царот Соломон и на сите што имаа дел на царскиот стол, секој по месец дена; и не дозволуваше ништо да подснема. 28 И јачмен и слама за коњите и за влечниот добиток донесуваа на местото каде што се задржуваше, секој како што ќе му паднеше. 29 Господ му даде на Соломона мудрост и исклучителна разумност, и срце широко како песок на морскиот брег. 30 Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите Израелеви синови и од сета мудрост на Египет. 31 Беше помудар од сите луѓе, од Етан Езраит, од Еман, од Халкол и од Дарда, синовите Меолови; името му се расчу меѓу сите народи наоколу. 32 Изрече три илјади мудри изреки, а неговите песни беа илјада и пет. 33 Зборуваше за дрвата: од кедерот што е на Ливан па до ленот што ‘ртее на ѕид; расправаше за животните, за птиците, за лазачите и за рибите. 34 Доаѓаа од сите народи за да ја чујат Соломоновата мудрост, од сите земски цареви, кои што го чуја гласот за неговата мудрост.
1 Тирскиот цар Хирам му ги испрати своите слуги на Соломона, зашто беше чул дека го помазаа за цар на местото на неговиот татко, а Хирам секогаш беше Давидов пријател. 2 Тогаш Соломон му порача на Хирама: 3 ”Ти знаеш добро дека мојот татко Давид не можеше да го изгради Домот на името на Господа, својот Бог, заради војните со кои го опкружија непријателите од сите страни, сè додека Господ не ги подложи под стапалата на неговите нозе. 4 Сега Господ, мојот Бог ми даде мир насекаде наоколу: немам непријател ни лоши пречки. 5 И така, имам намера да Му изградам Дом на името на Господа, својот Бог, како што Господ му рече на татка ми Давида: ‘Твојот син кого ќе го поставам место тебе на твојот престол, тој ќе му изгради Дом на Моето име.’ 6 Затоа сега заповеди да ми насечат кедри на Ливан; моите слуги ќе бидат со твоите слуги, и јас ќе им ја платам надницата на твоите слуги според сè како што ќе ми одредиш. Ти знаеш добро дека кај нас нема луѓе кои што умеат да сечат дрва како Сидонците.” 7 Кога Хирам ја прими Соломоновата порака, многу се зарадува и рече: „Нека е благословен денес Господ, Кој му даде мудар син на Давида, кој управува со овој голем народ.” 8 И Хирам му јави на Соломона: „Ја примив твојата порака. Ќе ја исполнам во сè твојата желба за кедровите дрва и за чемпресовите дрва. 9 Моите слуги ќе ги пренесат од Ливан до морето, ќе ги сложам во сплавови и ќе ги пуштам по морето до местото што ќе ми го одредиш; таму ќе ги одврзиме, и ти ќе ги земеш. Ти пак ќе ја исполниш мојата желба и ќе дадеш храна за мојот дом.” 10 Хирам му даваше на Соломона кедрови и чемпресови дрва колку што сакаше, 11 а Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за храна на домашните, и дваесет илјади кори масло од цедени маслинки. Толку му даваше Соломон на Хирама од година во година. 12 Господ му даде мудрост на Соломона, како што му беше ветил; меѓу Хирам и Соломон владееше мир, та тие склучија сојуз. 13 Тогаш царот Соломон собра бесплатни трудбеници од сиот Израел; неплатени работници беа вкупно триесет илјади луѓе. 14 Ги праќаше наизменично, секој месец по десет илјади луѓе беа еден месец на Ливан, а два месеца дома. Адонирам беше над сите бесплатни работници. 15 Соломон имаше и седумдесет илјади носачи на товар, осумдесет илјади каменоресци во гората, 16 не сметајќи ги службеничките главатари кои управуваа со работите; нив ги имаше три илјади и три стотини, а управуваа со народот вработен на работите. 17 Царот заповеда да кршат големи делови од одбран камен и да ги делкаат за основите на Храмот. 18 Соломоновите и Хирамовите градители, и оние од Гивлеа, копаничареа и подготвуваа дрво и делкаа за изградбата на Храмот.
1 Во четири стотини и осумдесеттата година од излегувањето на Израелците од Египетската Земја, во четвртата година на своето царување над Израел, во месецот Зиф - тоа е вториот месец - Соломон почна да го гради Господовиот Дом. 2 Храмот што Соломон Му го градеше на Господа беше долг шеесет лакти, широк дваесет, а висок триесет лакти. 3 Тремот пред Светилиштето на Храмот беше дваесет лакти долг, спрема храмовата широчина, а десет лакти широк, спрема должината на Храмот. 4 На Храмот направи прозорци, затворени со решетки. 5 Покрај ѕидот на Храмот околу Светината и Светината над светините, соѕида приградба на катови, сè наоколу. 6 Долниот кат беше пет лакти широк, а средниот шест, а третиот седум лакти, зашто засеците ги распореди од надворешната страна околу Храмот, за да не би требало да ги вградува во храмските ѕидови. 7 Храмот е граден од камен што веќе во каменоломот беше изделкан, така што при градењето не се чуја ни чекан ни длето, ни некакво железно орудие. 8 Влезот во долниот кат беше од десната страна на Храмот, а по завојни искачувалки се одеше до средниот кат, и од средниот на третиот. 9 Така го изгради Храмот и го доврши; и го покри со кедрови греди и даски. 10 И соѕида уште приградба околу целиот Храм; беше пет лакти висока, а врзана со Храмот со кедрови греди. 11 И Господовото слово му стигна на Соломона: 12 ”Тоа е Домот што го градиш: ако одиш според Моите наредби, ако ги исполнуваш Моите наредби и ако ги пазиш Моите заповеди, тогаш ќе го исполнам за тебе ветувањето што му го дадов на твојот татко Давид: 13 Ќе престојувам меѓу Израелевите синови и нема да го оставам Мојот народ Израел.” 14 И така Соломон го изгради Храмот и го доврши. 15 И ги обложи одвнатре ѕидовите на Храмот со кедрови даски - од подот до покривот ги обложи со дрво одвнатре - а со чемпресови даски го обложи подот на Храмот. 16 И направи преграда од дваесет лакти, од кедрови даски, од подот до покривот, и го оддели тој дел на Храмот за Светина над светините. 17 А Светилиштето, дел на Храмот пред Светина над светините - имаше четириесет лакти. 18 А врз кедровината внатре во Храмот беа врежани украси - плетеници од папки и цвеќиња; сè беше од кедровина, и никаде не се гледаше камен. 19 Светината над светините ја уреди внатре во Храмот, за да го смести таму Ковчегот на Господовиот Завет. 20 Светината над светините беше дваесет лакти долга, дваесет лакти широка, а ја обложи со чисто злато. Направи и жртвеник од кедровина, 21 пред Светината над светините, и го обложи со чисто злато. 22 И сиот Храм го обложи со злато, сиот Храм и сиот жртвеник, кој е пред Светината над светините, го обложи со злато. 23 Во Светината над светините направи два херувима од маслиново дрво. Беа високи десет лакти. 24 Едното крило на херувимот беше пет лакти, а второто крило во херувимот беше пет лакти; имаше десет лакти од едниот крај на крилата до другиот. 25 И другиот херувим беше десет лакти: еднаква мера и еднаков облик на обата херувима. 26 Височината на едниот херувим беше десет лакти, така и на вториот. 27 Ги смести херувимите сред внатрешната просторија; ги ширеа своите крила, така што крилото на едниот достигаше до едниот ѕид, а крилото на другиот достигаше до другиот ѕид; во средината на просторијата крилата им се допираа. 28 И херувимите ги обложи со злато. 29 По сите ѕидови на Храмот, внатре и однадвор, врежа ликови на херувими, со палми и со расцветани цветови, 30 со злато го покри и подот на Храмот одвнатре и однадвор. 31 А за влез во Светината над светините направи двокрилна врата од маслиново дрво; довратниците со праг беа на пет агли. 32 Двете крила на вратата од маслиново дрво ги украси со херувими, палми и со расцветани цветови, и сите ги обложи со злато; со златни листиња ги облепи херувимите и палмите. 33 Така и за влезот во Светилиштето направи врата од маслиново дрво, со четириаглести довратници. 34 Двете крила на вратата беа од чемпресово дрво, и двете се отвораа на едната и на другата страна. 35 Врежа врз нив херуви, палми и расцветани цветови, и го обложи со злато сè што беше ископаничарено. 36 Потоа го изгради внатрешното предворје од три реда делкан камен и од еден ред делкани кедрови греди. 37 Основите на Господовиот Храм беа положени во четвртата година, во месецот Зиф; 38 а во единаесеттата година, во месецот Вул - тоа е осмиот месец - Храмот е довршен со сите делови и со сè што му припаѓаше. Го изгради за седум години.
1 Соломон изгради и свој дворец: потполно го заврши за тринаесет години. 2 Го изгради дворецот од ливанска гора: сто лакти долг, педесет широк и триесет лакти висок, на четири реда кедрови столбови, а на столбовите беа кедрови греди. 3 Беше покриен со кедровина над собите што почиваа над столбовите. Овие ги имаше четириесет и пет: петнаесет во секој ред. 4 Имаше три редици прозорци: по три прозорци гледаа еден кон друг. 5 Сите врати со довратниците беа четвртести, и по три прозорци стоеја еден спрема друг. 6 Направи трем од столбовите, педесет лакти долг и триесет широк. 7 Потоа го изгради престолниот трем, каде што судеше; и судиски трем, обложен со кедровина од подот до покривот. 8 Неговото престојувалиште, во другиот двор и во внатрешноста на дворот беше со ист облик. & изгради и куќа, слична на оној трем, на фараоновата ќерка, со која беше оженет. 9 Сите тие згради беа од одбран камен, сечен по мера, а делкан одвнатре и однадвор, од основите сè до дрвените спојници, а надвор сè до големото преддворје. 10 Основите им беа од одбран, голем камен: од десет и од осум лакти, 11 а надградбата од одбран, по мера делкан камен и од кедровина. 12 А три реда делкан камен и ред кедрови греди го опкружуваа големиот двор, а исто и внатрешниот двор на Господовиот Дом. 13 Соломон испрати по Хирама од Тир. 14 Тоа беше син на вдовица од Нефталимовото племе, ама татко му беше од Тир, ковач на бронза. Беше полн со вештини, умеење и знаење да изработува сè од бронза. Тој дојде кај царот Соломон и му ја сврши сета работа. 15 Одлеа два столба од бронза; едниот столб беше висок осумнаесет лакти, а мерен со конец наоколу имаше дванаесет лакти, исто така и другиот. 16 И направи две глави од бронза за да се стават врз столбовите; едната глава беше висока пет лакти, и другата беше пет лакти висока. 17 Направи две мрежи во вид на плетенки и верижна жица за да ги покријат главите на вратот на столбовите; седум за едната глава и седум за другата. 18 Тогаш изработи калинки: беа во два реда околу секоја мрежа. И ја покриваа главата на врвот на столбот. Исто направи врз другата глава. 19 Главите на врвот на столбовите пред тремот имаа облик на лотоси, од четири лакти. 20 Стоеја на двата столба кај испакнатината што беше спрема мрежата. Две стотини калинки беа околу првата глава и двеста околу другата. 21 Подигна столбови пред тремот на Светилиштето; едниот го стави на десната страна и го нарече Јахин; постави друг столб на левата страна и му го даде името Воас. 22 Изработените лилјани ги постави на самиот врв на главите. И така ги доврши столбовите. 23 Тогаш од бронзена ковина излеа море што мереше десет лакти од работ до работ; беше кружно наоколу, пет лакти високо, а во опсег, мерено со врвца, имаше триесет лакти. 24 Под работ му беа украси како цветни чашки, кои го опточуваа сосем: по десет на лакат го опточуваа морето наоколу; цветните чашки беа во два реда, и беа излеани со него. 25 Лежеше врз дванаесет волови: три гледаа на север, три на запад, три на југ, а три на исток; морето стоеше врз нив, и сите беа свртени со задниот дел кон внатре. 26 Беше дебело една дланка, работ му беше како раб на чаша, како лилјанов цвет, а можеше да прими две илјади мери - вати. 27 Направи десет бронзени подножја; секое беше четири лакти долго, четири лакти широко, а три лакти високо. 28 Подножјата беа изработени вака: имаа рамки, а рамките стоеја меѓу препреките. 29 На рамките меѓу пречките беа лавови, волови и херуви; а врз самите препреки, како над лавовите и воловите така и под нив, беа украси како венци. 30 Секое подножје имаше четири бронзени тркала и оска од бронза; нивните четири нозе имаа држачи; под мијалникот држачите беа слеани со украсите. 31 Горе, каде што се составуваа држачите, беше отворот на подножјето; имаше лакат ипол; отворот беше кружен, во вид на украсен сад, а врз него беа врежани и украси; ама препреките беа четвртести, а не кружни. 32 Четири колца беа под пречката. Оските им излегуваа на подножјето; секое колце беше високо лакат ипол. 33 Тркалата беа слични на тркалата на обични коли: нивните оски, наплатите, шпиците и главинките - сè беше излеано. 34 Имаше четири држачи на четирите агли на секое подножје; подножјето и држачите составуваа една целина. 35 При врвот на подножјето имаше круг висок половина лакат; врз подножјата имаше клинови; препреките составуваа целина со нив. 36 По страните на клиновите и на препреките врежа херуви, лавови и палми, колку што му дозволуваше местото и на венците наоколу. 37 Така направи десет подножја: еднакво излеани, со еднаква големина и облик. 38 И направи десет мијалници од бронза. Секој мијалник содржеше четириесет вати, а секој мијалник беше од четири лакти; на секое од десетте подножја доаѓаше по еден мијалник. 39 Постави пет подножја на десната страна, а пет на левата страна на Храмот; а морето го постави од десната страна на Храмот, кон југоисток. 40 Хирам направи грнци, лопати и котлиња. Тој ја приврши сета работа што му ја обавуваше на царот Соломон за Господовиот Дом: 41 два столба, кружните глави што беа на врвот на столбовите; двете мрежи за да ги покриваат двете глави што беа на врвот на столбовите; 42 четири стотини калинки за двете мрежи; два реда калинки за секоја мрежа, за да ги покријат двете глави на столбовите; 43 десет подножја и десет мијалници на подножјата; 44 едно море и дванаесет волови под него; 45 грнци, лопати и котлиња. Сите тие предмети што му ги направи Хирам на царот Соломон за Господовиот Дом беа од блескава бронза. 46 Царот заповеда да го излеваат сè тоа во глинени калапи, во Јорданската Долина, меѓу Сохот и Сартан. 47 На крај Соломон одреди да ги распоредат сите тие предмети, а ги имаше толку што не можеше да се пресмета тежината на бронзата. 48 Соломон ги направи сите предмети кои што беа во Господовиот Дом: златниот жртвеник и златниот стол врз кој стоеја лебните приноси; 49 петте светилници од десната и од левата страна пред Светина над светините, од чисто злато: цветови, светилки, клешти од злато; 50 врчвите, ножовите, котлињата, темјаниците и кадилниците од чисто злато; стожерите за вратата на внатрешната дворана - тоа е Светина над светините - и за вратата на Светилиштето - односно на Храмот - сè од злато. 51 Така беше приведена кон крај сета работа што Соломон ја изврши за Господовиот Дом. Соломон ги внесе сите свети дарови на татка си Давида - среброто, златото и садовите - и ги стави во ризницата на Господовиот Дом.
1 Тогаш Соломон ги свика во Ерусалим сите Израелеви старешини, сите племенски кнезови и семејните главатари, за да се пренесе Ковчегот на Господовиот Завет од градот, од Давидовиот Град, односно од Сион. 2 Сите Израелеви луѓе се собраа пред царот Соломон на празникот во месецот Етаним (односно седмиот месец). 3 И кога дојода Израелевите старешини, свештениците ги понесоа Ковчегот, 4 и Шаторот на средбата со сиот посветен прибор што беше во Шаторот. Ги пренесуваа свештениците и левитите. 5 Царот Соломон и сета Израелева заедница, која се собра околу него, жртвуваа пред Ковчегот толку овци и говеда да не можеа да бидат преброени ни проценети. 6 Свештениците го донесоа Ковчегот на Господовиот Завет на неговото место, во внатрешното светилиште на Домот, односно во Светината над светините, под крилата на херувимите. 7 Имено, херувите имаа раширени крилја над местото каде што стоеше Ковчегот, и ги засолнуваа одозгора Ковчегот и неговите драгови. 8 Драговите беа толку долги така што краевите им се гледаа од Светилиштето спроти Светината над светините, но не се гледаа однадвор. Таму останаа до денес. 9 Во Ковчегот немаше ништо освен двете камени плочи што ги стави Мојсеј во Хорив, каде што Господ склучи Завет со Израелевите синови откако излегоа од Египет. 10 А кога свештениците излегоа од Светилиштето, облак го исполни Господовиот Дом, 11 и свештениците не можеа да ја продолжат службата од облакот: Господовата Слава го исполни Божјиот Дом! 12 Тогаш Соломон рече: „Господ рече дека благоволи, да престојува во облак; 13 а јас Ти изградив Дом, место, за да престојуваш во него засекогаш!” 14 И откако се сврти, царот го благослови целиот израелски собор, а сиот израелски собир стоеше. 15 Тој рече: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој со Својата рака го исполни ветувањето што со Својата уста му го даде на мојот татко Давид, велејќи: 16 ’Од денот кога го изведов Својот народ од Египетската Земја, не избрав град меѓу ниедно Израелево племе, за да се изгради во него Дом, каде што би престојувало Моето Име, туку го избрав Давида за да заповеда тој со Мојот народ Израел.’ 17 Татко ми Давид науми да Му подигне Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог, 18 ама Господ му рече: ‘Си наумил да му подигнеш Дом на Моето Име, и добро направи, 19 но ти нема да го подигнеш тој Дом, туку твојот син кој ќе излезе од твоето крило, тој ќе му подигне Дом на Моето Име.’ 20 Господ го исполни Своето ветување: го наследив својот татко Давид и седнав на Израелевиот престол, како што вети Господ, и му подигнав Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог, 21 и одредив таму да биде местото на Ковчегот во кој е Заветот што Господ го склучи со нашите татковци, кога ги изведе од Египетската Земја.” 22 Тогаш Соломон стапи, во присуство на сиот Израелев собир, пред Господовиот жртвеник, ги рашири рацете кон небото 23 и рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни долу на земјата, Тебе Кој ги пазиш Заветот и љубовта кон Своите слуги, што чекорат пред Тебе со сето свое срце. 24 На Својот слуга Давид, на мојот татко, Ти му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес. 25 Сега, Господи, Израелев Боже, исполни му на Својот слуга, на мојот татко Давид, што Си ветил кога Си рекол: ‘Нема пред мене да ти снема наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ќе ги чуваат своите патишта, одејќи по Мојот закон како што си одел ти пред Мене.’ 26 И сега Господи, Израелев Боже, нека се исполни Твоето ветување што Си му го дал на Својот слуга Давид, на мојот татко! 27 Но зар Бог навистина ќе престојува среде луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Го опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил! 28 Внимателно послушај ги молитвата и викањето на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги викањето и молитвата што Твојот слуга Ти ја упатува Тебе! 29 Нека Твоите очи дење и ноќе бидат отворени над овој Дом, над ова место за кое што рече: ‘Тука ќе биде Моето Име.’ Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место. 30 И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, кога тие ќе се молат на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата и смилувај се. 31 Ако некој згреши против ближниот и ако му се нареди да се заколне, а заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом, 32 тогаш Ти чуј ја на небото и постапувај и суди им на Твоите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите дела на неговата глава, а невиниот ослободи го постапувајќи со него според неговата невиност. 33 Ако Твојот народ биде разбиен од непријателот зашто Ти згрешил Тебе, ама ако сепак се обрати кон Тебе и ако го прослави Твоето Име и ако се помоли во овој Дом, 34 тогаш чуј го Ти тоа од небото, прости му ги гревовите на Својот Израелски народ и доведи го назад во земјата што им ја даде на нивните татковци. 35 Кога ќе се затвори небото и не ќе падне дожд зашто Ти згрешиле Тебе, па ако Ти се помолат на ова место и ако го прослават Твоето Име и ако се одвратат од својот грев кога ќе ги понижиш Ти, 36 тогаш чуј ги Ти на небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот Израелски народ, покажувајќи им го добриот пат по кој да одат, и пушти дожд на земјата што му ја даде во наследство на Својот народ. 37 Кога во земјата ќе завладеат глад, помор, суша и гламница, и кога ќе надојдат скакулци, гасеници, кога непријателот на овој народ притисне некоја од неговите врати, или кога ќе биде некоја друга неволја или болест, 38 ако некој човек, или сиот Твој народ, ја почувствува тешкотијата на своето срце па упати молитва или просење та ги рашири рацете кон овој Храм, 39 Ти чуј од небото, од местото каде што престојуваш, и прости и постапи; врати му на секој човек според неговиот пат, зашто Ти го познаваш неговото срце - единствено Ти ги познаваш срцата на сите - 40 за да се бојат од Тебе секогаш во сите дни додека живеат на земјата, што Ти им ја даде на нашите татковци. 41 Па и туѓинецот, кој не е од твојот Израелски народ, туку пристигнал од далечна земја заради Твоето Име, 42 зашто чул за Твоето големо Име, за Твојата силна рака и за Твојата подигната мишка - ако дојде и ако се помоли во овој Храм, 43 послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови извикувања, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и за да се бојат од Тебе како Твојот народ Израел, и за да знаат дека Твоето Име е повикано над овој Дом што го изградив. 44 Ако Твојот народ тргне против непријателот, по пат по кој што ќе го упатиш Ти, и ако Му се помоли на Господа, свртен кон овој град што си го избрал и кон Домот што му го изградив на Твоето Име, 45 послушај му ги од небото молитвата и просењето, и направи му правда. 46 Кога ќе Ти згрешат, зашто нема човек кој не греши, а Ти, откако ќе се насрдиш на нив, ќе ги предадеш на непријателите да ги заробат и да ги одведат како робје во далечна или во блиска земја, 47 па ако се покајат со срцето во земјата во која ќе бидат доведени и ако почнат да Те молат за милост во земјата на своите освојувачи, велејќи: ‘Згрешивме, бевме лоши и опаки,’ 48 и ако така се обратат кон Тебе со сето срце и со сета душа во земјата на своето ропство во која ќе бидат доведени како робови, и ако се помолат свртени кон земјата што Ти им ја даде на нивните татковци, и кон градот што си го избрал, и кон Домот што му го изградив јас на Твоето Име, 49 послушај ги од небото, каде што престојуваш, нивната молба и нивните просења, 50 направи им правда, и прости му на Својот народ зашто згреши против Тебе, прости ги сите навреди што ти ги нанесе, направи за да му се смилуваат освојувачите и за да бидат милостиви спрема него, 51 бидејќи тие се Твој народ и Твое наследство, нив ги изведе од Египет, од вжерената печка. 52 Твоите очи нека бидат отворени за молитвата на Твојот слуга и за просењата на Твојот народ Израел, за да ги чуеш сите нивни молби што ќе Ти ги упатат Тебе. 53 Зашто Ти ги оддвои од сите народи на земјата за Свое наследство, како што објави преку Својот слуга Мојсеј, кога ги изведе нашите татковци од Египет, о Господи, Боже!” 54 Откако Соломон ги доврши сета оваа молитва и просењето пред Господа, се дигна од местото каде што клечеше, со раширени раце кон небото, пред Господовиот жртвеник, 55 па истапи та го благослови сиот Израелев собор со силен глас: 56 ”Благословен Господ, Кој на Својот народ Израел му даде мир во сè како што вети; не пропадна ниту едно од Неговите убави ветувања, кои им ги даде на Својот слуга Мојсеј. 57 Господ, нашиот Бог, нека биде со нас како што беше со нашите татковци, и нека не нè напушта и отфрла. 58 Нека ги приклони нашите срца кон себе, за де одиме по сите Негови патишта и за да ги пазиме Неговите заповеди, закони и одредби што им ги даде на нашите татковци. 59 Овие мои зборови, што ги изнесов скромно пред Господа, да бидат постојано, дење и ноќе присутни пред Господа, нашиот Бог, за да би им правел, ден по ден, правда на Својот слуга и справедливост на Својот народ Израел, 60 за да познаат така сите народи на земјата дека Господ е Единствен Бог, и дека нема друг. 61 А вашето срце нека му биде потполно верно на Господа, нашиот Бог, пазејќи ги Неговите закони и држејќи ги Неговите заповеди како денес!” 62 Царот и сиот Израел со него Му принесоа жртва на Господа. 63 Како помирителна жртва, која му ја принесе на Господа, Соломон принесе дваесет и две илјади волови и сто и дваесет илјади овци; со тоа царот и сиот Израел го посветија Господовиот Дом. 64 Во тој ден царот го посвети средиштето на преддворјето, што е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците, лебните приноси, и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник пред Господа беше премал за да ги прими палениците, лебните приноси и помирителните жртви. 65 Таа свеченост во она време Соломон ја славеше седум денови, со сите Израелци, со големиот собор од Влезот во Хамат до Египетската Река, пред Господа, нашиот Бог. 66 Потоа на осмиот ден ги отпушти луѓето; тие го благословуваа царот и си одеа во своите куќи, весели и со задоволни срца заради сето добро што Господ му го направи на Својот слуга Давид и на Својот народ Израел.
1 Кога Соломон го доврши градењето на Господовиот Дом, на царскиот дворец и на сè што науми да гради, 2 Господ му се јави и по вторпат на Соломона, како што му се јави во Гаваон. 3 Господ му рече: „Ги послушав молитвата и просењето што Ми ги упати. Го посветив овој Дом, што го градеше за да престојува во него Моето Име довека; Моите очи и срцето ќе бидат тука секогаш. 4 А ти, ако одиш пред Мене како што одеше твојот татко Давид, во невиноста на срцето и во праведност, ако постапуваш во сè како што ти заповедав, и ако ги пазиш Моите закони и Моите наредби, 5 Јас ќе го зацврстам засекогаш твојот царски престол над Израел, како што му ветив на твојот татко Давид кога му реков: ‘Никогаш нема да ти снема наследник на Израелевиот престол.’ 6 Но ако Ме оставите, вие и вашите синови, ако не ги пазите Моите заповеди и закони што ви ги дадов, ако се свртите кон боговите, и ако им служите и им се клањате, 7 тогаш ќе го истребам Израел од земјата што му ја дадов; овој Дом, што му го посветив на Моето Име, ќе го отфрлам од Себе, и Израел ќе биде за презир и за потсмев на сите народи. 8 Овој Дом е возвишен, ама сите кои што ќе поминуваат покрај него ќе бидат вчудоневидени; ќе свират со уста и ќе зборуваат: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ 9 А ќе им се рече: ‘Зашто Го оставија Господа, својот Бог, Кој ги изведе нивните татковци од Египет, а им се приклонија на други богови, ги честеа и им служеа, затоа Господ ги пушти сите овие зла врз нив.’” 10 После дваесет години, во кои Соломон ги изгради двете згради, Господовиот Дом и царскиот дворец, 11 а Хирам, царот на Тир, му набавуваше кедрово и чемпресово дрво, и злато колку што сакаше, тогаш царот Соломон му даде на Хирама дваесет градови во Галилејската Земја. 12 Хирам излезе од Тир за да ги види градовите што му ги подари Соломон, ама не му се допаднаа. 13 И рече: „Какви се тие градови што си ми ги дал, брате?” И оттогаш ги викаат „Земја Кабул” до денешниот ден. 14 А Хирам му беше испратил на царот сто и дваесет златни таланти. 15 Вака беше со принудната работа што Соломон ја создаде за да ги изгради Господовиот Дом, својот дворец, Милон и ѕидовите на Ерусалим, Хасор, Мегидон и Гезер. 16 Фараонот, египетскиот цар, тргна во воен поход, го освои Гезер, ги изгоре и ги погуби Хананците кои што живееја таму, потоа и го даде градот како свадбен подарок на својата ќерка, Соломоновата жена, 17 а Соломон ги обнови Гезер, Долниот Вет Орон, 18 Валат, Тадмор во пустината во земјата, 19 сите градови - складови што ги имаше Соломон, градовите за бојни коли, и градовите за коњицата, и сè што Соломон сакаше да изгради во Ерусалим, на Ливан и во сите земји што му беа подвластени. 20 На сите други: на Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците, кои не беа Израелци, 21 на синовите нивни што останаа по нив во земјата и кои Израелците не ги сотреа, Соломон им наметна тежок данок до денешниот ден. 22 Соломон не ги претворуваше Израелевите синови во робови, туку тие му беа воини, дворјанци, војсководачи, триесетници, заповедници на неговите бојни коли и на коњицата. 23 А еве ги надзорниците кои што управуваа со Соломоновите работи: нив пет стотини и педесет, кои му заповедаа на народот вработен во работите. 24 Штом фараоновата ќерка влезе од Давидовиот Град во куќата што Соломон и ја беше изградил, тогаш тој го изгради Мило. 25 Соломон трипати годишно принесуваше паленици и помирителни жртви на жртвеникот што Му го подигна на Господа, кадеше пред Господа. Така го доврши Храмот. 26 Царот Соломон изгради бродови во Есион Гавер, што е покрај Елот, на брегот на Црвеното Море, во Едомската Земја. 27 Хирам испрати на тие бродови свои слуги, морнари кои го познаваа морето, со Соломоновите слуги. 28 Тие отпловија во Офир, зедоа оттаму четири стотини и дваесет таланти злато и му ги донесоа на царот Соломон.
1 Гласот со кој се здоби Соломон во Господовото Име стигна до царицата од Сава; затоа таа дојде за да го испита Соломона со гатанки. 2 Дојде во Ерусалим со голема придружба, со камили што носеа мириси, со неброено злато и со бесцени камења. Откако дојде кај Соломона, поразговара со него за сè што и беше на срце. 3 Соломон и одговори на сите прашања; не му беше скриено ништо за да не би можел да и одговори. 4 Кога царицата од Сава ја виде Соломоновата мудрост, дворецот што го беше изградил, 5 јадењата на неговиот стол, неговите соби и дворници, отменоста на неговите слуги и на неговите облеки, неговите виноподнесувачи, и палениците кои што ги принесол во Господовиот Дом, и застана здивот. 6 Тогаш му рече на царот: „Вистина беше што чув за тебе во својата земја и за твојата мудрост. 7 Ама не сакав да верувам на тоа што се раскажуваше додека не дојдов и не видов со своите очи; и навистина, ни половината не ми беше кажана: ти ја надвишуваш во мудроста и во благосостојба славата за која што чув. 8 Блазе им на твоите луѓе блазе им на оние твои слуги, кои се непрекинато пред тебе и ја слушаат твојата мудрост! 9 Нека е благословен Господ, твојот Бог, кому толку му стана мил за да те постави на престолот на Израелците; затоа што Господ секогаш го љуби Израел, те постави за цар за да правиш право и правда.” 10 Тогаш му даде на царот сто и дваесет златни таланти, многу милномириси и бесцени камења. Никогаш веќе немаше такви мириси какви што царицата од Сава му ги даде на царот Соломон. 11 Па и Хирамовите бродови, кои што донесуваа злато од Офир, пренесоа оттаму многу сандалови (алмук, црвено дрво) дрва и бесцени камења. 12 Царот од сандаловината направи ограда за Господовиот Дом и за царскиот дворец, и псалтири и харфи за пејачите; никогаш веќе не беа префрлени толку сандалови дрва ниту се видени до денес. 13 Царот Соломон и даде на царицата од Сава сè што посака и што побара, а освен тоа царски ја дарува. Потоа таа тргна и со своите слуги се врати во својата земја. 14 Златото што му доаѓаше на Соломона секоја година беше шест стотини шеесет и шест златни таланти, 15 освен она што доаѓаше од трговците и од продавачите - со мириси, и од сите арабјански цареви и од земните управители. 16 Царот Соломон направи три стотини големи штитови од ковано злато; за секој штит употреби шест стотини златни шекели; 17 и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши три мини. Ги стави за чување во куќа наречена Ливанска Куќа. 18 Царот уште направи голем престол од слонови коски и го обложи со чисто злато. 19 Престолот имаше шест лествици, одзади на него имаше телешка глава, а од двете страни на седиштето беа рачки, а покрај рачките стоеја два лава. 20 Дванаесет лавови стоеја од обете страни на оние шест лествици. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство. 21 Сите садови од кои што пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата од Ливанските дрва беа од чисто злато; ништо не беше од сребро, зашто среброто се сметаше за безвредно во Соломоновото време. 22 Царот имаше тарсиски бродови на море заедно со Хирамовите бродови, и во секоја трета година тарсиските бродови доаѓаа, донесувајки злато, сребро и слонова коска, мајмуни и пауни. 23 Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви со богатство и со мудрост. 24 Сиот свет сакаше да го види Соломона и да ја чуе мудроста што Бог му ја всади во срцето. 25 Секој му донесуваше подарок: сребрени и златни посатки, облеки, оружје, мириси, коњи и мазги, од година во година. 26 Покрај тоа Соломон собра бојни коли и коњаници; имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњи, и ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим. 27 Соломон направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедри како диви смокви што растат во Сефела. 28 Соломон внесуваше коњи од Мусрија и од Кое: царевите набавувачи ги донесуваа од Кое за одредена цена. 29 Колите ги довезуваа од Египет по шест стотини сребрени шекели; а коњот се плаќаше по сто и педесет. Така преку набавувачите, хетитските и арамејските цареви го добиваа сè тоа.
1 Царот Соломон - покрај фараоновата ќерка - сакаше многу жени - туѓинки: Моавки, Амонки, Едомки, Сидонки и Хетитки, 2 од сите народи за кои што Господ им рече на Израелците: „Не ќе одите кај нив и тие не ќе идат кај вас; тие навистина ќе ги свртат вашите срца кон своите богови.” Ним им се приклони Соломон со својата љубов. 3 Имаше седум стотини кнежевски жени и три стотини соложници. Неговите жени го заведуваа неговото срце. 4 И кога Соломон остаре, неговите жени му го свртија срцето кон други богови, и неговото срце веќе не Му припаѓаше потполно на Господа како што Му припаѓаше срцето на неговиот татко Давид. 5 Соломон одеше по Астарота, божица на Сидонците, и по Мелхома, срам на Амонците. 6 Правеше она што не беше право во очите на Господа, и не Му се покоруваше сосем на Господа како што Му се покоруваше неговиот татко Давид. 7 Така Соломон им изгради високи места на Хемос, на гадот Моавски, на гората источно од Ерусалим, и на Молох, срамот на Амонците. 8 Тоа го направи за сите свои жени туѓинки, кои што им принесуваа кадеж и жртви на своите богови. 9 Господ се разгневи на Соломона, зашто го сврти своето срце од Господа, Израелевиот Бог, Кој што Му се јави двапати, 10 и Кој што токму тогаш му забрани да ги почитува другите богови, ама тој не ја запази таа заповед. 11 Тогаш Господ му рече на Соломона: „Кога е така со тебе, та не ги пазиш Мојот Завет и наредбите што ти ги дадов, Јас ќе го одземам бездруго од тебе царството, и ќе му го дадам на еден од твоите слуги. 12 Но нема да го направам тоа во твојот живот, заради твојот татко Давид; ќе го земам од рацете на твојот син. 13 Сепак нема да го земам од него сето царство: ќе му оставам едно племе на твојот син, заради Мојот слуга Давид, заради Ерусалим, кого го избрав.” 14 Тогаш Господ му подигна противник на Соломона: Идумеецот Адад, од царската куќа на Едомците, 15 и кога Јоав, војсководачот, отиде да ги погребе убиените и остави да ги погубат сите машки во Идумеја - 16 Јоав и сиот Израел останаа таму шест месеци додека не ги истребија сите машки во Идумеја - 17 Адад избега во Египет со Идумејците, кои беа во служба на неговиот татко. Тогаш Адад беше мало дете. 18 Отидоа од Мадијам и стигнаа во Фаран. Ги поведоа со себе луѓето од Фаран и отидоа во Египет пред фараонот, царот на Египет, кој му даде куќа, му одреди храна и му додели земја. 19 Адад стекна голема милост кај фараонот, кој му ја даде својата сестра за жена, сестрата на големата кнегинка Тахпенеса. 20 Тахпенесината сестра му го роди синот Генуват, кого Тахпенеса го воспита во царскиот дворец, и Генуват остана во дворецот меѓу фараоновите деца. 21 Кога Адад научи во Египет дека Давид почина кај своите татковци, и дека војсководачот Јоав умрел, му рече на фараонот: „Дозволи ми да си отидам во својата земја!” 22 Фараонот му рече: „Што ти недостига кај мене та сакаш да отидеш во својата земја?” А тој му одговори: „Ништо, ама пушти ме да си одам!” 23 Бог го подигна против Соломона противникот Резон, синот Елијадов, кој што избега од својот господар Ададезер, совскиот цар; 24 Резон собра луѓе околу себе и им стана четоводач кога ги убиваше Давид. Резон го зазеде Дамаск, таму се настани и завладеа со Дамаск. 25 Тој беше Израелев противник за време на Соломоновиот живот. Тоа беше зло што го направи Адад: го мразеше Израел и владееше во Сирија. 26 Јеровоам му беше син на Ефремецот Нават, од Сарида, а мајка му беше вдовицата по име Серуја. Тој беше во Соломонова служба и подигна рака против царот. 27 Еве ја причината на неговата побуна. Соломон го градеше Мило за да ги засипе урнатините во градот на Давида, својот татко. 28 Јеровоам беше добар човек; Соломон забележа како младиот човек се прифаќа за работата, и го постави над сета работа на Јосифовата куќа. 29 Тогаш се случи та Јеровоам отиде од Ерусалим, и на патот го сретна пророкот Ахиј од Сило, наметнат со нова наметка; тие двајцата беа сами во полето. 30 Ахиј ја зеде новата наметка што ја имаше врз себе и ја расцепи на дванаесет делови. 31 И му рече на Јеровоама: „Земи за себе десет делови, зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве ќе го истргам царството од Соломоновата рака и тебе ќе ти дадам десет племиња. 32 Тој ќе има едно племе, заради Мојот слуга Давид и заради Ерусалим, градот што го избрав меѓу сите Израелеви племиња. 33 Тоа е затоа, зашто Ме остави и им се поклони на Астарота, божицата на Сидонците, на Хемос, моавскиот бог, и на Мелхом, богот на Амонците, и зашто не оди веќе по Моите патишта; не прави што е право во Моите очи, ниту ги извршува Моите закони и наредби како што го правеше неговиот татко Давид. 34 Ама нема да му го земам сето царство од раката, зашто го поставив за кнез за време на сиот негов живот, заради Својот слуга Давид, кого што го избрав и кој што ги пазеше Моите заповеди и Моите закони. 35 Но ќе го земам царството од рацете на неговиот син, и ќе ти го дадам тебе, односно десет племиња. 36 А на неговиот син ќе му оставам едно племе, за да Мојот слуга Давид има секогаш светилник пред Мене во Ерусалим, во градот што Си го избрав за Себе за да престојува во него Моето Име. 37 Ќе те земам тебе за да царуваш над сè што ќе посакаш и за да бидеш цар над Израел. 38 Ако ги послушаш сите тие заповеди, и ако врвиш по Моите патишта, та ако правиш што е праведно во Моите очи пазејќи ги Моите закони и Моите заповеди, како што го правеше тоа Мојот слуга Давид, тогаш Јас ќе бидам со тебе, и ќе ти изградам траен дом, како што му изградив на Давида, и ќе ти го дадам Израел; 39 ќе ги понижам Давидовите потомци, ама не засекогаш.’” 40 Затоа Соломон бараше да го убие Јеровоама, ама тој побегна во Египет, и остана во Египет до Соломоновата смрт. 41 Другата Соломонова повест, сè што направил, и неговата мудрост, зар не е запишано во книжниот свиток на Соломоновата Повест? 42 А Соломон царуваше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години. 43 Тогаш Соломон помина кај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град, а неговиот син Ровоам се зацари место него.
1 Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат. 2 Штом го чу тоа синот Наватов Јеровоам - кој беше во Египет, каде што беше избегал пред царот Соломон - се врати од Египет, зашто 3 беа испратиле по него и го повикаа. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собор, му рекоа на Ровоама: 4 ”Твојот татко ни наметна тежок јарем. Сега ти олесни ни ја тешката служба на својот татко, тешкиот јарем што го стави на нас, па ќе ти служиме!” 5 А тој им одговори: „Дојдете пак кај мене по три дни.” И народот си отиде. 6 Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците кои што му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?” 7 Тие му одговорија: „Ако денес ги задоволиш тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие секогаш ќе ти останат слуги.” 8 Ама тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со младите кои пораснаа со него и кои му беа во служба. 9 Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ кој ми рече: ‘Олесни ни го јаремот што ни го наметна твојот татко?’” 10 Младите луѓе, кои пораснаа со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна јарем, а ти олесни ни го’, одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на татка ми! 11 Ете, мојот татко ви наметна тежок јарем, а јас уште ќе го стежнам вашиот јарем; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.’” 12 А на третиот ден дојде сиот народ кај Ровоама, како што им беше заповедал царот, велејки им: „Вратете се кај мене на третиот ден.” 13 Царот им одговори остро, отфрлајќи го советот што му го дадоа постарите. 14 И им рече: „Мојот татко ви го стежна вашиот јарем, а јас ќе додадам уште врз него; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.” 15 И така царот не сакаше да го послуша народот, зашто така направи Господ за да се исполни словото што преку Силонецот Ахиј му го рече на Наватовиот син Јеровоам. 16 Кога Израелците видоа дека царот се прави дека не слуша, народот му одговори: „Каков дел имаме ние со Давида? Ние немаме наследство со Јесеевиот син. Во шаторите, Израелу! А сега, Давиде, грижи се за својот дом!” И сиот Израел си отиде под своите шатори. 17 Ровоам завладеа само над Израелевите синови, кои живееја по јудејските градови. 18 Потоа царот Ровоам го испрати Адорама, настојникот за данок, ама Израелците го каменуваа, и тој умре; а царот Ровоам бргу се качи во колата и избега во Ерусалим. 19 Така Израел се оддели од Давидовиот дом сè до денес. 20 Кога Израелците научија дека се вратил Јевровоам, го повикаа во заедницата и го поставија за цар над сиот Израел. Давидовата куќа не ја следеше никој освен самото Јудино племе. 21 Откако дојде во Ерусалим, Ровоам го собра сиот Јудин дом и Венијаминовото племе, сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да удрат против Израелевиот дом и да му го вратат царството на Ровоама, Соломоновиот син. 22 Но му дојде Божјо слово на Божјиот човек Семеј: 23 ”Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, на јудејскиот цар и на сиот дом Јудин и Венијаминов, и на другиот народ: 24 Господ вели вака: ‘Не одете да се биете со браќата, со Израелевите деца! Секој нека се врати во својата куќа, зашто ова потекна од Мене.’” И тие го послушаа Господовиот збор, и се вратија како што им рече Господ. 25 Јеровоам го утврди Сихем во Ефремовата Гора, и таму се настани. Потоа излезе оттаму и го утврди Фануил. 26 Јеровоам рече во своето срце: „Сега царството би можело да му се врати на Давидовиот дом. 27 Ако овој народ продолжи да се искачува во Господовиот Дом во Ерусалим за да принесува жртви, срцето на народот ќе му се врати на својот господар, Ровоам, јудејскиот цар, и мене ќе ме убијат.” 28 Откако царот се посоветува, направи две златни телиња и му рече на народот: „Доста одевте во Ерусалим! Еве го, Израелу, твојот бог кој те изведе од Египетската Земја.” 29 Потоа стави едно теле во Ветил, а другото го смести во Дан. 30 Тоа беше згода за грев: народот одеше кај едното во Ветил и кај другото во Дан. 31 И Јеровоам подигна идолопоклонички куќи на високите места и постави свештеници од народот, кои не беа Левиеви синови. 32 Потоа Јеровоам воведе празник во осмиот месец, во петнаесеттиот ден на тој месец, како што е празникот што се слави во Јудеја, и принесе жртва на жртвеникот. Така направи во Ветил, жртвувајќи им на телињата што ги направи. Во Ветил им постави и свештеници на високите места што ги подигна. 33 И принесе жртва на жртвеникот што го направи, во петнаесеттиот ден на осмиот месец; во месецот што сам го избра; и воспостави празник за Израелците и пристапи кон жртвеникот за да покади.
1 А некој Божји човек дојде со Божјото слово од Јудеја во Ветил кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот за да кади. 2 И по Божја заповед оној извика кон жртвеникот: „Жртвенику, жртвенику! Господ вели вака: ‘Еве ќе се роди во Давидовиот дом син по име Јосиј. Тој ќе ги жртвува на тебе свештениците на високите места, тие кои што кадат врз тебе, и тој ќе гори човечки коски врз тебе!’” 3 И во исто време им даде знак: „Ова е знак дека Господ зборуваше: ете, жртвеникот ќе се распукне и ќе се истури пепелта што е на него.” 4 Кога царот чу што рече Божјиот човек против жртвеникот во Ветил, ја испружи раката оттаму од жртвеникот и рече: „Фатете го!” Но раката што ја испружи кон човекот се исуши, и не можеше да ја врати кон себе. 5 Жртвеникот распукна, и пепелта се истури од жртвеникот, според знакот што го даде Божјиот човек по Господова наредба. 6 Царот проговори и му рече на Божјиот човек: „Помоли Го Господа, својот Бог, за да можам да ја вратам раката кон себе.” Божјиот човек Го помоли Господа, и царевата рака се врати кон него, и беше како порано. 7 Тогаш царот му рече на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш. И ќе ти дадам подарок.” 8 Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми ја дадеш половината од својата куќа, не би тргнал со тебе. Ни би јадел ни би пиел на ова место, 9 зашто вака ми е заповедано од Господовото слово: ‘Не јади леб и не пиј вода, ниту се враќај по истиот пат по кој си дошол.’” 10 И отиде по друг пат, не се врати по патот по кој што дојде во Ветил. 11 А во Ветил живееше стар пророк. Неговите синови дојдоа кај него и му раскажаа сè што сторил оној ден Божјиот човек во Ветил; и зборовите што му ги кажа оној на царот му ги раскажаа синовите на таткото. 12 А тој ги праша: „По кој пат си отиде?” Синовите го покажаа патот по кој што си отиде Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја. 13 Тогаш пророкот им рече на синовите: „Насамарете ми го ослето!” И му го насамарија ослето, а тој јавна. 14 Тргна по Божјиот човек и го најде како што седи под даб; и го праша: „Ти ли си Божјиот човек кој дојде од Јудеја?” А тој му одговори: „Јас сум.” 15 Пророкот му рече: „Дојди со мене во мојот дом за да јадеш нешто.” 16 Но тој одговори: „Не смеам да се вратам со тебе, ниту смеам да јадам леб ни да пијам вода на ова место, 17 зашто од Господовото слово ми е наредено ова: ‘Не јади таму леб, не пиј вода, ниту се враќај по патот по кој што си тргнал онаму.’” 18 На тоа оној му рече: „И јас сум пророк како и ти, и ангел ми рече со Господово слово: ‘Поведи го со себе дома за да јаде леб и за да пие вода.’” Со овие зборови го излага. 19 Божјиот човек се врати со него, во неговата куќа јадеше леб и пиеше вода. 20 Додека седеа покрај столот, му дојде Господово слово на пророкот кој го доведе назад, 21 и тој му извика на Божјиот човек кој дојде од Јудеја: „Господ вели вака: ‘Затоа што не ја послуша Господовата заповед и не ја пазеше наредбата што ти ја даде Господ, твојот Бог, 22 туку се врати, јадеше леб и пиеше вода во местото каде што ти реков да не јадеш леб и да не пиеш вода, затоа твоето тело нема да легне во гробот на твоите татковци.’” 23 Откако оној, кој го беше довел, го најаде леб и го напи вода, му го оседла ослето. И оној замина. 24 А на патот лав скочи врз него, и го усмрти. И така мртвото тело лежеше спружено на патот, ослето стоеше покрај него, и лавот стоеше покрај телото. 25 Поминувајќи луѓето ги видоа: мртвото тело спружено на патот, и лавот како што стои покрај него; и отидоа и го јавија тоа во градот, каде што живееше стариот пророк. 26 Кога го чу тоа пророкот, кој го беше вратил оној од патот, рече: „Тоа е Божјиот човек кој не ја запази Господовата заповед! И Господ го предаде на лав, што го нападна и го умртви, според словото што Господ го рече.” 27 И им рече на своите синови: „Насамарете ми го ослето!” И тие му го насамарија. 28 Тој отиде и го најде мртвото тело фрлено на патот, и ослето и лавот каде стојат покрај телото: лавот не го изеде телото ниту го растрга ослето. 29 Тогаш пророкот го подигна мртвото тело на Божјиот човек и го префрли преку ослето; и се врати во градот во кој живееше, за да го пожали и погребе мртвиот. 30 Го стави мртвото тело во својата гробница и плачеше над него: „Ах, брате мој!” 31 А кога го закопа им рече на своите синови: „По мојата смрт погребете ме во истата гробница каде е погребан Божјиот човек; ставете ги моите коски покрај неговите. 32 Зашто бездруго ќе се исполни словото што по Господова заповед го објави за жртвеникот во Ветил и за сите идолопоклонички куќи на високите места во градовите на Самарија.” 33 Ни по овој настан Јеровоам не се одврати од својот лош пат, туку и натаму поставуваше прости луѓе за свештеници на високите места: кој сакаше, му даваше подароци за да стане свештеник на високите места. 34 Со таквата постапка паѓаше во грев Јеровоамовата куќа, се рушеше и ја снемуваше од лицето на земјата.
1 Во она време се разболе Авиј, синот Јеровоамов, 2 и Јеровоам и рече на својата жена: „Стани и преоблечи се за да не те препознаат дека си Јеровоамова жена; и оди во Сило. Таму е пророкот Ахиј: оној кој ми прорече дека ќе бидам цар на овој народ. 3 И понеси десет лебови, колачиња и сад со мед и оди кај него! Тој ќе ти каже што ќе биде со детето.” 4 И Јеровоамовата жена направи така: стана, отиде во Сило и влезе во Ахиевата куќа. А тој веќе не гледаше, очите му ослабеа од длабока старост. 5 Но Господ му рече: „Еве доаѓа Јеровоамовата жена за да бара од тебе совет за својот син, зашто е болен; а ти ќе и речеш така и така. Кога ќе влегува, ќе се преправа како да е друга.” 6 Кога Ахиј го чу шумот на нејзините чекори на вратата, и рече: „Влези, Јеровоамова жено! Што се преправаш дека си друга, кога имам тешка вест за тебе? 7 Оди, речи му на Јеровоам: ‘Вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Те подигнав од народот и те поставив кнез над Мојот народ Израел, 8 го истргав царството од Давидовата куќа и ти го дадов тебе. Но ти не беше како Мојот слуга Давид, кој ги пазеше Моите заповеди и кој Ме следеше со сето свое срце, и кој правеше само она што е праведно во Моите очи. 9 Ти постапуваше уште полошо од своите претходници, отиде и си направи за себе други богови, ги излеа нивните ликови за да Ме дразниш, Мене Ме фрли зад плеќи. 10 Затоа, еве пуштам зло на Јеровоамовата куќа, ќе ги истребам од Јеровоамовата куќа: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел; Јас ќе ја изметам без трага Јеровоамовата куќа како што се мете нечистотата, за да не остане ништо. 11 Оние кои, од Јеровоамовата куќа, ќе умрат во градот, ќе ги изедат кучињата, а оние кои ќе умрат во полето, ќе ги изедат небеските птици.” Така рече Господ.’ 12 Ти стани и тргни кон својот дом: туку штом ќе стапнеш со нозете во градот, детето ќе умре. 13 Сиот Израел ќе го оплаче и ќе го погребе. Тој единствено, од Јеровоамовата куќа, ќе биде положен во гроб, зашто единствено во него се најде нешто во Јеровоамовиот дом што му се допадна на Господа, Израелевиот Бог. 14 Господ ќе си постави цар над Израел, и тој ќе ја истреби Јеровоамовата куќа. Еве го денот! Што? Дури и мигот! 15 Господ ќе го удри Израел, па ќе се ниша како трска во водата. Ќе го откорне Израел од оваа добра земја, што им ја даде на нивните татковци, и ќе ги расее од онаа страна на Реката, зашто си направија за себе ашери што го расрдуваат Господа. 16 Ќе го отфрли Израел како буниште, заради гревовите што ги направи Јеровоам и на кои го наведуваше Израел.” 17 Јеровоамовата жена стана и си отиде. Стигна во Терса, а кога преминуваше преку куќниот праг, детето беше мртво. 18 Го закопаа, и сиот Израел го оплака според зборот што Господ го рече преку Својот слуга пророкот Ахиј. 19 Другите Јеровоамови дела, како војуваше и царуваше, тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 20 Јеровоамовото царување траеше дваесет и две години, потоа Јеровоам почина покрај своите татковци, а неговиот син Надав зацарува место него. 21 Ровоам, синот Соломонов, беше јудејски цар; имаше четириесет и една година кога стана цар, а седумнаесет години царуваше во Ерусалим, во градот што Господ го избра меѓу сите израелски племиња за да го постави таму Своето Име. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка. 22 И Јуда направи зло во Господовите очи. Со гревовите што ги направија го разјарија повеќе од сè што направија нивните татковци. 23 Зашто и тие подигнаа високи места, столбови и ашери на секое ритче и под секое зелено дрво. 24 Имаше и посветени блудници (содомци) во земјата. Ги поддржуваше сите грозотии на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 25 Во петтата година на Ровоамовото царување египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим. 26 Го ограби сето богатство од Господовиот Дом и од ризницата на царскиот дворец; зеде сè; ги зеде и сите златни штитови што ги имаше направено Соломон. 27 Место нив царот Ровоам направи бронзени штитови и им ги довери на заповедниците на стражата што ја чуваа вратата на царскиот двор. 28 Кога царот одеше во Господовиот Дом, стражарите ги земаа, а после ги враќаа во стражарницата на телохранителите. 29 Другата Ровоамова повест, сè што направил, зар не е запишана во книжниот свиток Летописи на царевите на Јудеја? 30 За сето време имаше војна меѓу Ровоам и Јеровоам. 31 Ровоам почина со своите татковци, и беше погребан со своите татковци во Давидовиот Град. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка. На негово место се зацари неговиот син Авијам.
1 Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, синот Наватов, се зацари Авијам во Јудеја. 2 Три години царуваше во Ерусалим; неговата мајка се викаше Мака, а беше Авесаломова ќерка. 3 Тој одеше во сите гревови што неговиот татко ги правеше пред него, и неговото срце не му беше потполно верно на Господа, својот Бог, како срцето на неговиот прататко Давид. 4 Сепак, заради Давида, Господ, неговиот Бог, му даде светилник во Ерусалим, подигнувајќи ги неговите синови по него и запазувајќи го Ерусалим. 5 Зашто Давид правеше сè што беше право во очите на Господа, и за време на сиот свој живот не отстапи од ништо што му беше заповедано, освен она што му го направи на Хетеецот Уриј. 6 А војна беше меѓу Ровоам и Јеровоам сиот негов век. 7 Другата Авијамова повест, сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? А имаше војна меѓу Авијам и Јеровоам. 8 Потоа Авијам почина со своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на негово место се зацари син му Аса. 9 Во дваесеттата година на Јеровоамовото царување над Израел, Аса стана цар над Јудеја. 10 Царуваше четириесет и една година во Ерусалим; неговата баба се викаше Мака, а беше Авесаломова ќерка. 11 Аса правеше што е право во очите на Гопода, како и неговиот прататко Давид. 12 Ги протера од земјата „посветените блудници” и ги отстрани сите кипови што ги беа направиле неговите татковци, 13 самиот ја отстрани својата баба Мака да не биде царица, зашто и беше направила гад на Ашера. Аса го исече нејзиниот гад и го спали во потокот Кедрон. 14 Ама високите места не беа уништени; сепак Асиното срце Му беше приврзано на Господа за време на сиот негов живот. 15 Ги внесе во Господовиот Дом посветените дарови на татка си и своите: сребро, злато и садови. 16 Имаше војна меѓу Аса и Васа, израелскиот цар, во сите нивни денови. 17 Израелскиот цар Васа нападна на Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да му го спречи секое движење на јудејскиот цар Аса. 18 Тогаш Аса зеде сребро и злато, што останало во ризницата на Господовиот Дом и во ризницата на царскиот дворец, и им го даде на своите слуги та ги испрати кај Вен-Адад, синот Тамримов, синот Есионов, арамејски цар, кој престолуваше во Дамаск, и му порача: 19 ”Нека биде сојуз меѓу мене и тебе, како што беше меѓу мојот и твојот татко; еве, ти праќам дар - сребро и злато: ајде, раскини го сојузот со израелскиот цар Васа, за да отиде од мене.” 20 Вен-Адад го послуша царот Аса и ги испрати своите војсководачи против израелските градови, та тие ги покорија Ијон, Дан, Авел-Вет-Мака, сиот Хинерот и сета Нефталимова Земја. 21 А кога Васа научи за тоа, прекрати да ја утврдува Рама, и се врати во Терса. 22 Царот Аса ги повика сите Јудејци, без исклучок, и тие ги однесоа камењата и дрвото со кои Васа ја утврдуваше Рама, и царот Аса ги утврди со тоа Венијаминовата Гева и Миспа. 23 Другата Асина повест, сите негови победи, и сè што направи, и градовите што ги утврди, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? А на старост боледуваше од нозете. 24 Аса почина со своите татковци, и беше погребан со своите татковци во градот на Давида, својот прататко. Неговиот син Јосафат се зацари место него. 25 Надав, синот Јеровоамов, стана цар на Израел, во втората година на Асиното царување со Јудеја, и владееше со Израел две години. 26 Правеше зло во очите на Господа. Одеше по патот на својот татко и го поддржуваше неговиот грев на кој го наведуваше Израел. 27 Васа, синот Ахиин, од Исахаровиот дом, се побуни против него и го уби во Гиветон, кој им припаѓаше на Филистејците, и што Надав и сиот Израел го опсадија. 28 Васа го уби во третата година на Асиното царување со Јудеја, и завладеа место него. 29 Кога стана цар, ја погуби сета Јеровоамова куќа и не поштеди никого од Јеровоамовите додека не ги истреби сите според словото што Господ го кажа преку својот слуга Ахиј од Сило. 30 Заради гревовите што ги направи и на кои го наведуваше Израел, и за оскрбувањето со кое го разгневил Господа, Израелевиот Бог. 31 Другата Надавова повест, и сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 32 Меѓу Аса и Израелевиот цар Васа владеше војна во сите нивни денови. 33 Во третата година на Асиното царување со Јудеја, Васа, синот Ахиин, стана цар над сиот Израел во Терса, и владееше дваесет и четири години. 34 Правеше зло во Господовите очи, и одеше по патот на Јеровоам и на неговите гревови со кои ги заведуваше Израелците.
1 Тогаш му беше испратено Господовото слово на Јуј, синот Ананиев, против Васа: 2 ”Те подигнав од правот и те поставив кнез над Мојот народ Израел, ама ти тргна по Јеровоамовиот пат и го наведуваш на грев Мојот народ Израел, та Ме разјаруваш со нивните гревови; 3 затоа ќе ги изметам без трага Васа и неговата куќа: ќе направам со твојата куќа како и со куќата на Јеровоам, синот Наватов. 4 Кој од Васината куќа ќе умре во градот, ќе го изедат кучиња, а кој ќе им умре во полето, ќе го изедат небеските птици.” 5 Другите дела на Васа, сè што направил, неговите подвизи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 6 Васа почина со своите татковци, и беше погребан во Терса. Неговиот син Ила се зацари место него. 7 Ама Господовото слово преку пророкот Јуј, синот Ананиев, не беше насочено против Васа и против неговата куќа само заради тоа што правеше зло во Господовите очи и што Го лутеше со делата на своите раце та беше како и Јеровоамовата куќа, туку и заради тоа што ја истреби и неа. 8 Во дваесет и шестата година на Асиното царување во Јудеја, Ила, синот Васин, стана цар на Израел во Терса; владееше вкупно две години. 9 Неговиот дворјанец Зимриј, заповедник на половината бојни коли, се побуни против него. Кога беше во Терса, се испијани во куќата на Арсо, управителот на дворецот во Терса. 10 Тогаш Зимриј влезе, удри на него и го уби, во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, и се зацари место него. 11 Штом почна да владее и штом седна на престолот, ја погуби сета Васина куќа; не му го поштеди ни она што мокри покрај ѕидот, ни неговите роднини ни пријатели. 12 Така Зимриј ја откорна сета Васина куќа според словото што Господ го кажа преку својот слуга пророкот Јуј, 13 заради сите гревови што ги правеа Васа и неговиот син Ила и така го заведуваа Израел, срдејќи Го Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови. 14 Другата Илина повест, сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 15 Во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, Зимриј стана цар во Терса, и владееше седум дена. Тогаш народот го опсадуваше Гиветон, што им припаѓаше на Филистејците. 16 Кога народот во логорот чу дека Зимриј се побунил и дека го убил царот, сиот Израел во истиот ден во логорот го прогласи за цар над сиот Израел заповедникот на војската Амриј. 17 Потоа Амриј и сиот Израел со него отидоа од Гиветон и ја опсадија Терса. 18 Кога Зимриј виде дека градот ќе биде преземен влезе во тврдината на царскиот дворец, го запали над себе царскиот дворец, и така загина. 19 Тоа беше заради гревовите што ги беше направил, работејќи што е зло во Господовите очи и одејќи по патот на Јеровоам и на неговите гревови со кои го заведуваше Израел. 20 Другата Зимриева повест и неговата завера што ја скова, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 21 Тогаш Израелевиот народ се раздели: половината се одлучи за Тивниј, синот Гинатов, за да го направи цар, а втората половина за Амриј. 22 Ама Амриевите приврзаници беа посилни од приврзаниците на Тивниј, синот Гинатов, па кога Тивниј умре, Амриј стана цар. 23 Во триесет и првата година на Асиното царување со Јудеја, Амриј стана цар на Израел, за дванаесет години. Царуваше шест години во Терса. 24 Тогаш го купи од Семер за два таланти сребро ридот Самарија; изгради град кого го нарече Самарија по името на Семер, сопственикот на ридот. 25 Ама Амриј правеше зло во Господовите очи, и беше полош од своите претходници. 26 Во сè ги следеше Јеровоама, синот Наватов, и неговите гревови, со кои го заведуваше Израел, и го срдеше Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови. 27 Другата Амриева повест, сè што направил, неговите потфати што ги изведе, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 28 Амриј почина со своите татковци, и го погребаа во Самарија. Неговиот син Ахав стана цар место него. 29 Ахав, синот Амриев, стана израелски цар во триесет и осмата година на Асиното царување со Јудеја, и владееше дваесет и две години над Израел во Самарија. 30 Ахав, синот Амриев, правел во Господовите очи повеќе лошо од сите свои претходници. 31 И му беше малку што одеше во гревовите на Јеровоам, синот Наватов, туку уште се ожени со Језавела, ќерката на Етвала, сидонскиот цар, и почна да му служи на Ваала и да му се клања; 32 подигна жртвеник во Вааловиот храм што го беше изградил во Самарија. 33 Ахав подигна и Ашера и направи и други злодела, и Го налути Господа, Израелевиот Бог, повеќе од сите израелски цареви што беа пред него. 34 Во негово време Хил од Ветил го изгради Ерихон; врз својот првороденец Авирон ги подигна основите, а врз помладиот свој љубимец Сегув ги постави градските врати, според словото на Господа што го кажа преку Својот слуга Исус, синот Навинов.
1 Тесвиецот Илија, од Галадската Тесва, му рече на Ахава: „Живиот ми Господ, Израелевиот Бог, Кому Му служам, во овие години ќе нема ни роса ни дожд, освен по моја заповед.” 2 Господовото слово му беше упатено вака: 3 ”Оди оттука и тргни кон исток, и скриј се при потокот Херит, што е спроти Јордан. 4 Ќе пиеш од потокот, а на гавраните им заповедав да те хранат таму.” 5 Тој отиде и направи според Господовото слово, и се настани при потокот Херит, спроти Јордан. 6 Гавраните му донесуваа леб наутро, а месо навечер; пиеше од потокот. 7 Ама по некое време потокот пресуши, зашто немаше дожд во сета земја. 8 Тогаш му дојде Господовото слово на Илија: 9 ”Стани, оди во Сидонска Сарепта и остани таму. Еве, таму и наредив на една вдовица да те храни.” 10 Тој стана и тргна во Сарепта. Кога стигна до градската врата, некоја вдовица собираше дрва таму; тој и се обрати и рече: „Донеси ми малку вода во врчвата, да пијам!” 11 Кога тргна да донесе, тој викна по неа и и рече: „Донеси ми и малку леб во раката!” 12 Таа одговори: „Живиот ми Господ, твојот Бог, јас немам печен леб, немам освен грст брашно во сад и малку масло во врчва. И еве собирам дрва, па ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за сина си, за да го поделиме и да умреме.” 13 Но Илија и рече: „Не бој се. Оди и направи како што рече; само замеси ми првин колаче, па ми го донеси; а тогаш зготви си за себе и за сина си. 14 Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сè додека Господ не пушти да падне дожд на земјата.’” 15 Таа отиде и направи како што и рече Илија; и имаа јадење за многу денови, таа, тој и нејзиниот син. 16 Брашното од садот не се потроши и во врчвата не снема масло, според словото што Господ го рече преку својот слуга Илија. 17 По овие збиднувања се разболе синот на домаќинката, и неговата болест се влоши многу, така што во него не остана здив. 18 Тогаш таа му рече на Илија: „Што имам јас со тебе, Божји човеку? Зар дојде кај мене за да ме потсетиш на мојот грев и за да ми го усмртиш синот!” 19 Тој и рече: „Дај ми го својот син!” Тогаш го зеде од нејзината прегратка, го однесе во горната соба каде што живееше, и го положи во својата постела. 20 Тогаш извика кон Господа и рече: „Господи, Боже мој, зар навистина сакаш да ја натажиш вдовицата, која ме нагости, умртвувајќи и го синот?” 21 Потоа се испружи трипати над детето повикувајќи Го Господа: „Господи, Боже, направи да се врати во ова дете неговата душа!” 22 Господ ја послуша молбата на Илија, душата се врати во детето, и тоа оживе. 23 Илија го зеде, слезе од горната соба во куќата и и го даде на неговата мајка: и Илија рече: „Еве, твојот син е жив!” 24 Жената му рече: „Сега знам дека ти си Божји човек и дека Божјото слово во твојата уста е вистинито!”
1 Помина многу време и на третата година Господовото слово му беше упатено на Илија: „Оди, покажи му се на Ахав, зашто сакам да пуштам дожд на земјата.” 2 И Илија отиде да му се покаже на Ахав. Бидејќи гладот во Самарија стануваше сè поголем, 3 Ахав го повика дворскиот управител Авдиј. Тој Авдиј многу се боеше од Господа: 4 зашто кога Језавела ги погуби Господовите пророци, тој зеде сто пророци и ги скри по педесет во една пештера, каде ги хранеше со леб и ги поеше со вода. 5 И му рече Ахав на Авдиј: „Ајде, ќе ја обиколиме сета земја, сите извори и сите потоци, можеби ќе најдеме трева за да ги запазиме во живот коњите и мазгите и за да не ни пропадне добитокот.” 6 Ја поделија земјата што ќе ја пребаруваат: Ахав замина сам по еден пат, а Авдиј тргна сам по друг пат. 7 И кога Авдиј беше на пат, ете му го во пресрет Илија; откако го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си тоа, господару Илија!” 8 Тој му одговори: „Јас сум! Оди и речи му на својот господар: ‘Еве го Илија!’ 9 Авдиј му одговори: „Што сум згрешил, та го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие? 10 Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа. 11 А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ 12 Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост! 13 Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода. 14 И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ Па тој ќе ме убие!” 15 Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.” 16 Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија. 17 Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?” 18 Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала. 19 Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,” кои јадат покрај трпезата на Језавела.” 20 Ахав ги повика сите Израелеви синови и ги собра пророците на гората Кармил. 21 Илија му пристапи на сиот народ и рече: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Господ Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него.” А народот не му одговори ништо. 22 Илија продолжи: „Единствено уште јас останав како Господов пророк, а Вааловите пророци се четири стотини и педесет. 23 Дајте ни два јунци. Тие нека си изберат еден за себе, нека го исечат и нека го стават на дрва, ама нека не потклаваат оган. 24 Вие повикајте го името на својот бог, а јас ќе го повикам Гоподовото Име: богот кој ќе одговори со оган е вистински Бог.” Сиот народ одговори: „Добро!” 25 Потоа Илија им рече на Вааловите пророци: „Изберете си за себе еден јунец и почнете, зашто вие сте многу повеќе. Повикајте го името на својот бог, ама не ставајте оган.” 26 Тие го зедоа јунецот што им припадна ним и го подготвија. Го повикуваа Вааловото име од утрото до пладне, велејќи: „О, Ваалу, послушај нè!” Ама немаше ни глас, ни одговор. И скокаа и ги виткаа колената пред жртвеникот што го направија. 27 На пладне Илија им се потсмеваше и им рече: „Викајте погласно, зашто тој е бог; зафатен е или има работа; или е на пат; можеби спие, па треба да биде разбуден!” 28 А тие почнаа да викаат уште погласно и да се параат со ножеви и бодила, како што е обичај кај нив, сè додека не ги облеа крв. 29 Кога помина пладне, паднаа во бунило и беснееја сè додека не беше време за да се принесе жртвата; но немаше никаков глас ни одговор ниту знак дека некој ги слуша. 30 Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се кон мене!” И сиот народ му се приближи. Тој го поправи Господовиот жртвеник што беше урнат. 31 Илија зеде дванаесет камења според бројот на племињата на синовите на Јакова, кому Бог му рече: „Твоето име ќе биде Израел!” 32 И му изгради од тие камења жртвеник на Господовото Име, и ископа ров околу жртвеникот, широк за да можат да се посеат две мери пченица. 33 Сложи дрва, го расече јунецот и го стави врз дрвата. 34 Тогаш рече: „Наполнете со вода четири врчви и излејте ги врз паленицата и на дрвата!” Направија така. Им заповеда: „Повторете,” и тие повторија. Тогаш рече: „Направете и по третпат.” Тие така и по третпат. 35 Водата течеше околу жртвеникот и ровот се наполни со вода. 36 Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сè ова. 37 Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.” 38 И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши. 39 Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!” 40 Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!” И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби. 41 Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.” 42 Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената. 43 Потоа му рече на својот момок: „Оди горе и погледај кон морето.” Тој отиде горе, погледна и рече: „Тука нема ништо!” Илија одговори: „Врати се седум пати.” 44 Но на седмиот пат момокот рече: „Ене облак, мал како човечка дланка, се дига од морето.” Тогаш Илија рече: „Оди, кажи му на Ахава: ‘Впрегнувај и слегувај за да не те фати дождот.’” 45 Одеднаш небото се смрачи од облаци и виор, и падна силен дожд. Ахав се качи во колата и отиде во Езраел. 46 Господовата рака беше над Илија, та тој, откако се препаша, отрча пред Ахава сè до во близината на Езраел.
1 Ахав и раскажа на Језавела сè што направи Илија и како ги погуби со меч сите пророци. 2 Тогаш Језавела му испрати гласник на Илија со порака: „Боговите нека ми ги направат сите зла и нека придадат, ако утре во ова време не направам со твојот живот како што направи ти со животот на секој од нив!” 3 Тој се исплаши, стана и отиде за да си го спаси животот. Дојде во Вирсавеа, која е во Јудеја, и таму го отпушти својот момок. 4 А самиот отиде ден одење во пустината; седна таму под смрека, посака да умре и рече: „Веќе ми е доста од сè, Господи! Земи ја мојата душа, зашто не сум подобар од своите татковци.” 5 Потоа легна и заспа. Ама ете, ангел го допре и му рече: „Стани и јади.” 6 Тој погледна, кога ете - покрај неговото возглавје: леб печен на камен и врчва со вода. Јадеше и пиеше, па пак легна. 7 Но Господовиот ангел се јави и по вторпат, го допре и рече: „Стани и јади, зашто пред тебе е далечен пат!” 8 Стана, јадеше и пиеше. Закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи сè до Божјата Гора Хорив. 9 Таму влезе во една пештера и преноќева во неа. И ете, Господови слова дојдоа кај него: „Што бараш ти тука, Илија?” 10 Тој одговори: „Ревнував многу за Господа, за Бога над Воинствата, зашто Израелевите синови го напуштија Твојот Завет, ги разурнаа твоите жртвеници и ги погубија со меч Твоите пророци. Останав сам, а тие бараат и мене да ми го земат животот.” 11 Гласот му рече: „Излези и застани во гората пред Господа. Еве Господ тукушто поминува.” Пред Господа беше силен виор, толку силен што ги дробеше брдата и ги кршеше ридовите, но Господ не беше во бурниот виор; по бурниот виор беше земјотрес, ама Господ не беше во земјотресот; 12 а по земјотресот беше оган, ама Господ не беше во огнот; по огнот шепот на лесно и благо тивко ветре. 13 Кога Илија го чу тоа, го скри лицето со наметка, излезе, и застана при влезот во пештерата. Тогаш гласот му проговори и му рече: „Што бараш тука, Илија?” 14 Тој одговори: „Ревнував мошне многу за Господа над Војските, зашто Израелевите синови го напуштија Твојот Завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги погубија Твоите пророци. Останав сам, а тие бараат и мене да ми го одземат животот.” 15 Господ му рече: „Оди, врати се по истиот пат во Дамаската Пустина. Кога ќе дојдеш, помажи го таму Азаил за цар на Сирија. 16 Помажи го Јуј, синот Нимсиев, за цар над Израел, а Елисеј, синот Сафатов, од Авел Меол, помажи го за пророк место себе си. 17 Кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го погуби Јуј; а кој ќе избега од Јујиниот меч, него ќе го погуби Елисеј. 18 Но си оставив во Израел седум илјади луѓе, кои не се поклонија пред Ваала, и сите усти, кои не го целиваа.” 19 Тој отиде и на враќање го најде Елисеја, синот Сафатов, како што ора: пред него дванаесет двојки впрегнати волови, самиот беше кај дванаесеттата. Илија помина покрај него и ја фрли на него својата наметка. 20 Тој ги остави воловите, потрча по Илија и рече: „Дозволи ми да ги прегрнам татка си и мајката, па ќе тргнам по тебе.” Илија му одговори: „Оди, врати се, зашто што ти направив?” 21 Тој го остави, зеде двојка волови и ги жртвува. Со воловскиот плуг испече месо, и им го даде на луѓето да јадат. Потоа стана и тргна по Илија за да му служи.
1 Вен-Адад, царот на Арам, ја собра сета своја војска - со него беа триесет и два цареви, со коњи и со бојни коли - и отиде да ја опсадува Самарија, и удри на неа. 2 Му испрати во градот гласници на израелскиот цар Ахав 3 и му рече: „Вен-Адад вели вака: ‘Твоето сребро и твоето злато е мое, и твоите најдобри жени и деца се мои.’” 4 Израелскиот цар му одговори вака: „На твоја заповед, господару цару! Јас сум твој со сè што ми припаѓа.” 5 Ама гласниците се вратија и рекоа: „Вен-Адад вели вака и ти порачува: ‘Дај ми ги своето сребро и злато, своите жени и деца. 6 Биди уверен дека утре во ова време ќе ги испратам своите слуги, и тие ќе ги пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и ќе ја стават својата рака на сè што ќе им се допадне, и ќе го однесат тоа.’” 7 Израелскиот цар ги свика сите земни старешини и рече: „Промислете и погледајте! Овој ни готви зло! Ги бара од мене моите жени и деца, иако не му одбив моето сребро и злато.” 8 Старешините и сиот народ му одговорија: „Немој да послушаш! Немој да се согласиш!” 9 Тогаш тој им одговори вака на Вен-Ададовите пратеници: „Речете му на господарот царот: ‘Сè што бараше првпат од својот слуга, јас ќе направам, ама ова другото не можам.’” И посланиците отидоа и го однесоа одговорот. 10 Тогаш Вен-Адад порача: „Боговите нека ми направат зло и нека придадат уште толку, ако правот на Самарија биде доста за да добијат по еден грст оние што ме следат!” 11 Ама израелскиот цар му одговори: „Се вели: ‘Нека не се фали оној кој се препашува како оној што се распашува!’” 12 А кога Вен-Адад го чу тоа - токму пиеше со царевите под шаторот - им заповеда на своите слуги: „На своите места!” И тие ги зазедоа своите положаи против градот. 13 Тогаш еден пророк го побара Ахава, царот на Израел, и рече: „Господ вели вака: ‘Дали го виде она силно мноштво? Еве, Јас ќе ти го предадам денес во рацете, и ти ќе сознаеш дека Јас Сум Господ.’” 14 Ахав рече: „Преку кого?” Тој одговори: „Преку момчињата на покраинските намесници” Ахав праша: „Кој ќе го почне бојот?” Тој одговори: „Ти!” 15 Ахав изврши смотра на момчњата на покраинските управители. Беа двеста триесет и две. По нив изврши смотра на сите војски на сите Израелци. Беа седум илјади. 16 Тие излегоа на пладне, додека Вен-Адад пиеше во шаторите со триесет и два цареви кои му беа сојузници. 17 Момчињата на покраинските управители излегоа први. Го известија Вен-Адад: „Излегоа луѓето од Самарија.” 18 Тој рече: „Ако излегоа заради мир, фатете ги живи; ако излегоа во бој, фатете ги пак живи!” 19 Ама кога тие - момчињата на покраинските управители - излегоа од градот, по нив следеше другата војска, 20 и секој удри на својот противник. Арамејците бегаа, а Израелците ги гонеа. Вен-Адад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со некои коњаници. 21 Тогаш излезе израелскиот цар; ги заплени коњите и колите, и им нанесе на Арамејците тежок пораз. 22 Тогаш пророкот му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Ајде! Охрабри се и размисли добро што треба да правиш, зашто догодина арамејскиот цар ќе нападне на тебе.” 23 Слугите го советуваа арамејскиот цар: „Нивните богови се богови на горите, и затоа беа појаки од нас. 24 И така, да направиме вака: мавни ги овие цареви, и постави ги војводите на нивното место. 25 Потоа собери си голема војска колку што беше онаа што ја изгуби, толку коњи и толку коли. Тогаш ќе се биеме со нив во рамница, и бездруго ќе надвладееме.” Тој ги послуша и направи така. 26 Кога помина годината Вен-Адад ги крена Арамејците и тргна против Афек, за да војува со Израел. 27 Израелците се кренаа и тргнаа против нив. И се влогорија Израелците пред нив како две мали стада кози, додека Арамејците ја покрија земјата. 28 Тогаш Божјиот човек му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Вака вели Гопод: ‘Затоа што Арамејците велат дека Господ е Бог на горите и дека не е Бог на рамниците, Јас ќе го предадам во твоите раце ова силно мноштво, за да знаете дека Јас Сум Господ.’” 29 Седум денови беа влогорени едните спроти другите. Во седмиот ден се зафати бој, и Израелците ги погубија Арамејците, сто илјади пешаци во еден единствен ден. 30 Остатокот избега во Афек, во градот, ама ѕидот се урна врз дваесет и седум илјади луѓе кои останаа. Избега и Вен-Адад. Во градот поминуваше од една скривница во друга. 31 Неговите слуги му рекоа: „Ете! Ние чувме дека израелските цареви се милостиви. Да ставиме вреќишта околу своите слабини и јажиња околу своите глави, па да излеземе пред израелскиот цар: можеби ќе ти го поштеди животот.” 32 И врзаа вреќишта околу своите крстови и јажиња околу своите глави. Отидоа пред израелскиот цар и рекоа: „Твојот слуга Вен-Адад вели: ‘Остави ме во живот!’” Тој одговори: „Уште ли е жив? Тој е мој брат.” 33 Луѓето го зедоа тоа како добар знак и побрзаа да го фатат за Зборот, велејќи: „Вен-Адад е твој брат!” Ахав одговори: „Одете! Доведете го!” Вен-Адад дојде, и тој го зеде во колата. 34 Вен-Адад му рече тогаш: „Ќе ти ги вратам градовите кои мојот татко му ги одзеде на твојот татко; ќе ти стојат на располагање улици во Дамаск, како што стори мојот татко во Самарија. Пушти ме под овој услов.” Ахав склучи со него сојуз и го пушти. 35 Еден од пророчките синови му рече, по Господова заповед, на својот другар: „Удри ме!” Ама човекот не сакаше да го удри. 36 Тогаш оној му рече: „Бидејќи не го слушаше Господовиот глас, еве, кога ќе си отидеш од мене, лав ќе те раскине.” Тукушто се оддалечи од него, сретна лав, кој го раскина. 37 Пророкот најде друг човек и рече: „Удри ме!” Човекот го удри и го рани. 38 Пророкот си отиде, се намести на патот на царот, а преку очите навлече покривало за да не го препознаат. 39 Кога поминуваше царот, тој извика: „Твојот слуга беше излезен во бој, кога од бојните редови истапи еден и ми доведе некој човек, велејќи: ‘Чувај го овој човек! Ако го снема, твојот живот ќе биде за неговиот живот, или ќе платиш сребрен талант.’ 40 И додека твојот слуга работеше тука-таму, него го снема.” Тогаш царот на Израел му рече: „Еве ти ја пресудата! Сам си ја изрече!” 41 На тоа оној веднаш го отстрани покривалото од очите, и израелскиот цар виде дека тоа е еден од пророците. 42 А тој му рече на царот: „Господ вели вака: ‘Бидејќи остави да ти избега од рацете човекот, кого го удрив со проклетство, твојот живот ќе биде за неговиот живот, твојот народ за неговиот народ!’” 43 И израелскиот цар си отиде во својата куќа, темен и насрден, и влезе во Самарија.
1 По тие настани се случи ова: Езраелецот Навутеј имаше лозје во Езраел покрај дворецот на Ахава, самарискиот цар, 2 и Ахав му рече на Навутеја: „Отстапи ми го своето лозје, да ми биде зеленчукова градина, зашто е близу до мојата куќа. Јас ќе ти дадам за него подобро лозје, или, ако го сакаш тоа, ќе ти дадам сребреници колку што чини.” 3 Но Навутеј му рече на Ахава: „Господ да ме запази од тоа да ти го отстапам наследството на своите татковци!” 4 Ахав се врати дома гневен и лут заради зборовите што му ги рече Езраелецот Навутеј: „Не ти го давам наследството на своите татковци.” Легна на постела и го сврти лицето, и не сакаше да вкуси храна. 5 Му дојде неговата жена Језавела и рече: „Зошто си нерасположен и не се грижиш за храната?” 6 Тој и одговори: „Му зборував на Езраелецот Навутеј и му реков: ‘Отстапи ми го своето лозје за сребреници, или, ако ти е помило, ќе ти дадам друго лозје за него’. Но тој ми рече: ‘Не ти го давам своето лозје.’” 7 Тогаш неговата жена Језавела рече: „Ти си оној кој царува над Израел! Стани и јади, и биди со добра волја. Јас ќе ти го дадам лозјето на Езраелецот Навутеј.” 8 И таа напиша писма во Ахавово име и ги запечати со царскиот печат. Писмата им ги испрати на старешините и главатарите - Навутееви сограѓани. 9 Во тие писма напишала: „Прогласете пост и изведете го Навутеја пред народот. 10 Ставете спроти него двајца никаквеци кои ќе го обвинат: Ги проколнуваше Бога и царот! Тогаш изведете го и каменувајте го за да загине.” 11 И луѓето во Навутеевиот град, старешините и главатарите, направија како што им заповеда Језавела и како што пишуваше во писмата кои им ги упатила. 12 Прогласија пост и го ставија Навутеја на чело на народот. 13 Тогаш дојдоа двајца никаквеци, и го оптужија Навутеј пред народот: „Навутеј ги проколнуваше Бога и царот.” И така го изведоа Навутеј надвор од градот, го опсипаа со камења, и тој загина. 14 Потоа и порачаа на Језавела: „Навутеј е каменуван и умре.” 15 Откако Језавела чу дека Навутеј е каменуван и дека умре, му рече на Ахава: „Стани и земи го лозјето што Езраелецот Навутеј не сакаше да ти го отстапи за сребреници. Навутеј веќе не е жив, тој е мртов.” 16 Кога Ахав научи дека Навутеј е мртов, стана и слезе во лозјето на Езраелецот Навутеј за да го земе во сопственост. 17 Тогаш му беше упатено Господовото слово на Тесвиецот Илија: 18 ”Стани и слези во Самарија, во пресрет на Ахава, израелскиот цар. Ене го во Навутеевото лозје во кое слезе за да го земе во сопственост. 19 Речи му: ‘Господ вели вака: „Уби и присвои?”‘ Затоа Господ вели вака: ‘На местото каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата.’” 20 Ахав му рече на Илија: „Ме најде ли, непријателу мој?” Илија одговори: „Те најдов, зашто си се продал да правиш што е зло во очите на Господа. 21 ’Еве, тукушто не навлеков несреќа врз тебе. Ќе го изметам твоето потомство, ќе му ги истребам на Ахава: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел. 22 Ќе направам со твојата куќа како со куќата на Јеровоам, синот Наватов и со куќата на Васа, синот Ахиин, зашто ме расрди и го наведе Израел на грев.’ 23 И над Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела во Езраелското Поле.’ 24 Кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, ќе го изедат небеските птици.” 25 Навистина, никој не се продаде така како Ахав за да прави што е зло во Господовите очи, зашто го заведуваше неговата жена Језавела. 26 Правеше мошне одвратни дела: одеше по идолите токму како што правеа Аморејците, кои што Господ ги протера пред Израелците. 27 Кога Ахав ги чу тие зборови, ги раскина своите облеки и стави вреќиште на телото; и постеше, и спиеше во вреќиштето и одеше наоколу претпазливо. 28 Тогаш му дојде Господовото слово на Тесвиецот Илија: 29 ”Виде ли како Ахав се понижи пред Мене? Бидејќи така се понижи пред Мене, не ќе го пуштам злото за време на неговиот живот; ќе го пуштам злото во времето на неговиот син врз неговата куќа.”
1 Мирот владееше три години; немаше војна меѓу Арамејците и Израел. 2 Во третата година Јосафат, јудејскиот цар, го посети израелскиот цар. 3 Царот на Израел им рече на своите дворјанци: „Знаете ли дека Галадскиот Рамот е наш? А ние не преземаме ништо да го одземеме од рацете на арамејскиот цар.” 4 Потоа му рече на Јосафата: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?” Јосафат му одговори на израелскиот цар: „Јас сум како и ти, мојот народ како и твојот, моите коњи како и твоите.” 5 Тогаш Јосафат му рече на израелскиот цар: „Де посоветувај се најнапред со Господа.” 6 Тогаш израелскиот цар собра околу себе си четири стотини пророци и ги праша: „Можам ли да завојувам против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?” Тие одговорија: „Оди, зашто Господ ќе му го предаде во рацете на царот.” 7 Ама Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк, за да го прашаме и него?” 8 Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би сме можеле да Го прашаме Господа, ама не го поднесувам, зашто не ми пророкува ништо добро, туку само зло; тоа е Михеј, синот Емлин.” А Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!” 9 Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Побргу доведи го Михеј, синот Емлин.” 10 Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. 11 Хананииниот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ зборува вака: ‘Со нив ќе ги набодеш сите Арамејци додека не ги уништиш.’” 12 Така и сите други пророци пророкуваа, говорејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, и ќе успееш: Господ ќе му го предаде во рацете на царот.” 13 Гласникот кој отиде да го повика Михеја му рече: „Ене, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!” 14 Ама Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе го зборувам она што Господ ќе ми каже!” 15 Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот, или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Појди! ќе успееш: Господ ќе го предаде во царевите раце.” 16 Ама царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш само вистината во Господово Име?” 17 Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат во мир дома.’” 18 Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро туку зло!” 19 А Михеј рече: „Затоа чуј го Господовото слово: Го видов Господа каде седи на Својот престол, а сета небеска војска Му стоеше оддесно и одлево. 20 Господ праша: ‘Кој ќе го заведе Ахава за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Едниот рече ова, другиот она. 21 Тогаш, еден дух влезе и застана пред Господа: ‘Јас - рече - ќе го заведам.’ Господ го праша: ‘Како?’ 22 Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ 23 Еве, така е, Господ стави лажлив дух во устата на сите овие твои пророци, ама Господ ти навестува зло.” 24 Тогаш Хананииниот син Седекиј пристапи, го удри Михеја по образот и рече: „Зар Господовиот дух ме напушти мене за да зборува со тебе?” 25 Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба за да се скриеш.” 26 Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете им го на градскиот заповедник Амон и на царскиот син Јоас. 27 Речи им: „Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам среќно.”‘“ 28 Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене.” И додаде: „Чујте сите луѓе!” 29 Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат, тргнаа против Галадскиот Рамот. 30 Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бојот, но ти остани во твојата облека!” Израелскиот цар се преоблече и тргна во бој. 31 Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на воените коли: „Не напаѓајте ни на мал ни на голем, туку единствено на израелскиот цар!” 32 Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!” И тргнаа во бој кон него. А Јосафат извика. 33 А кога заповедниците на бојните коли видоа дека тој не е израелскиот цар, се свртија од него. 34 Еден без размислување го оптегна лакот и го погоди со стрелата израелскиот цар меѓу набраницата на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Заврти, извади ме од бојот, зашто не ми е добро.” 35 Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама царот се држеше исправено во бојната кола спрема Арамејците. А навечер умре. Крвта од раната се излеа по колата. 36 При зајдисонце екна глас низ логорот: „Секој во својот град и секој во својата земја! 37 Царот загина!” Отидоа во Самарија и го закопаа царот во Самарија. 38 Ја измија неговата кола во Самарискиот Рибник, и кучињата ја лижеа неговата крв, и блудници се капеа таму, според словото што Господ го рече. 39 Другите Ахавови дела, сè што направил, за куќата од слонова коска, за сите градови што ги изгради, зар сè тоа не е во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 40 Ахав почина со своите татковци, и неговиот син Охозиј зацари место него. 41 Јосафат, синот Асин, стана цар на Јудеја во четвртата година на царувањето на Ахав, израелскиот цар. 42 Јосафат беше на триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева. 43 Одеше сосем по патот на својот татко Аса, не свртувајќи од него, туку правејќи сè што е право во Господовите очи. 44 Само, високите места не беа отстранети, народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Јосафат беше во мир со израелскиот цар. 45 Другата Јосафатова повест, потфатите што ги извршил и како војуваше, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 46 Ги истреби од земјата останатите изопачени мажи (содомисти), кои се одржаа од времето на неговиот татко Аса. 47 Немаше цар во Едом, туку владееше намесник. 48 Царот Јосафат изгради тарсиски бродови за да оди во Офир по злато, ама не отиде, зашто бродовите се разбија кај Есион Гавер. 49 Тогаш Охозиј, синот Ахавов, му рече на Јосафата: „Моите слуги нека тргнат со твоите слуги на бродовите.” Ама Јосафат не го прифати тоа. 50 Јосафат почина со своите татковци, и беше погребан во градот на Давида, својот прататко. На негово место се зацари неговиот син Јорам. 51 Охозиј, синот Ахавов, стана цар на Израел во Самарија, во седумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја, и царуваше две години над Израел. 52 Тој правеше што е зло во Господовите очи, и одеше по патот на својот татко и по патот на својата мајка, и по патот на Јеровоам, синот Наватов, кој го наведуваше Израел на грев. 53 Му служеше на Ваала и му се поклонуваше. Го разгневуваше Господа, Израелевиот Бог, сосем онака како што правеше неговиот татко.
1 По Ахавовата смрт, Моав се побуни против Израел. 2 Бидејќи Охозиј беше паднал низ прозорската решетка на својата горница во Самарија и се повреди, испрати пратеници, на кои им рече: „Одете, прашајте го Вал-Зевул, акаронскиот бог, дали ќе оздравам од оваа болест.” 3 Но Господовиот ангел му рече на Тесвиецот Илија: „Стани! Оди во пресрет на пратениците на самарискиот цар и речи им: ‘Зар нема Бог во Израел те одите да се советувате со Вал-Зевул, акаронскиот бог?’ 4 И затоа Господ вели вака: ‘Нема да слезеш од постелата во која си легнал, бездруго ќе умреш.’” И Илија си отиде. 5 Пратениците се вратија кај Охозиј, а тој им рече: „Што е тоа што веќе се вративте?” 6 Тие му одговорија: „Нè сретна некој човек и ни рече: ‘Одете, вратете се пред царот, кој ве испратил, и речете му: „Господ вели вака: ‘Зар нема Бог во Израел та си испратил по совет кај Вал-Зевул, акаронскиот бог? Затоа нема да слезеш од постелата во која си легнал, туку ќе умреш.’”‘“ 7 Тој ги праша: „Каков беше на изглед тој човек кој ве сретна и кој ви ги рече тие зборови?” 8 А тие му одговорија: „Тоа беше човек во кожув и со кожен појас околу половината.” Тој рече: „Тоа е Илија Тесвиецот!” 9 Тогаш му го испрати педесетникот, со неговите педесетмина, и тој отиде кај него и, откако го најде каде седи на врвот на брегот, му рече: „Божји човече! Царот нареди: ‘Слези!’” 10 Илија одговори и му рече на педесетникот: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека те проголта, тебе и твоите педесетмина!” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина. 11 Царот му испрати друг педесетник со неговите педесетмина; а тој, кога дојде, му рече: „Божји човече! Царот го заповеда ова: ‘Слези бргу!’” 12 Илија му одговори и му рече: „Ако сум Божји човек, оган нека слезе од небото и нека ве проголта тебе и твоите педесетмина.” И оган се спушти од небото и ги проголта, него и неговите педесетмина. 13 Царот испрати пак педесетник и неговите педесетмина. Третиот педесетник дојде, ги свитка колената пред Илија и го замоли вака: „Божји човече! Мојот живот и животот на овие педесет твои слуги нека биде скапоцен во твоите очи! 14 Оган се спушти од небото и ги проголта обата педесетници со нивните педесетмина; но сега барем мојот живот нека биде скапоцен во твоите очи!” 15 Господовиот ангел му рече на Илија: „Слези со него, не бој се!” Тој стана и слезе со него пред царот, 16 и му рече: „Господ вели вака: ‘Затоа што му праќаше гласници на Вал-Зевул, акаронскиот бог, по совет, не ќе слезеш од постелата, во која си легнал, туку ќе умреш.’” 17 И умре според Господовото слово, кое го објави Илија. А Јорам, неговиот брат, се зацари место него во втората година на Јорам, синот Јосафатов, јудејски цар, зашто оној (Охозиј) немаше син. 18 Другите дела на Охозиј, сè што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
1 Еве што се случи кога Господ го вознесе Илија на небо во виор: Илија и Елисеј тргнаа од Галгал. 2 И Илија му рече на Елисеј: „Остани тука, зашто Господ ме праќа до Ветил.” Елисеј одговори: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа јас нема да те оставам!” И слегоа до Ветил. 3 А пророчките синови кои што престојуваа во Ветил му излегоа во пресрет на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?” Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!” 4 Илија му рече: „Елисеј! Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа во Ерихон.” Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!” И влегоа во Ерихон. 5 Пророчките синови кои што живееја во Ерихон му пријдоа на Елисеј и му рекоа: „Знаеш ли дека денес Господ ќе го земе твојот господар над твојата глава?” Тој рече: „И јас го знам тоа; молчете!” 6 Илија му рече: „Сепак остани тука, зашто Господ ме праќа кон Јордан.” Ама тој одговори: „Господовиот ми живот и твојот: јас нема да те оставам!” И така тргнаа обајцата. 7 И педесет пророчки синови тргнаа и застанаа подалеку, додека тие двајца се задржаа на брегот на Јордан. 8 Тогаш Илија ја зеде својата наметка, ја свитка и удри со неа по водата, а водата се раздели на две страни. И обајцата поминаа по суво. 9 А кога поминаа, Илија му рече на Елисеј: „Барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе?” А Елисеј одговори: „Духот што го имаш ти нека биде двоен во мене!” 10 Илија одговори: „Многу бараш: ако ме видиш кога ќе бидам земен од пред тебе, ќе ти биде така; ако пак не видиш, не ќе ти биде.” 11 И додека така одеа и разговараа, ете: огнена кола и огнени коњи се јавија; ги раздвоија двајцата и го однесе Илија во виор на небо. 12 Елисеј гледаше и викаше: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!” И веќе не го виде. Тогаш ги зеде своите облеки и ги раскина надве. 13 И ја крена Илиевата наметка, што беше падната од него, та се врати и застана на брегот на Јордан. 14 Тогаш ја зеде Илиевата наметка и удри по водата, велејќи: „Каде е Господ, Илиевиот Бог?” И кога удри по водата, таа се раздели на две страни, и Елисеј помина. 15 Тоа го видоа отстрана пророчките синови, кои беа исто од Ерихон и рекоа: „Илиевиот дух остана на Елисеј!” И му тргнаа во пресрет, се фрлија пред него на земјата 16 и му рекоа: „Еве тука, со нас, твоите слуги, има педесет јунаци. Дозволи им да одат да го бараат твојот господар; можеби Господовиот Дух го однесе и го фрли на некоја гора или во некоја долина.” Тој им одговори: „Не праќајте никого.” 17 Ама бидејќи тие постојано настојуваа, им рече: „Испратете!” И ги испратија педесетмината; го бараа три дни, ама не го најдоа. 18 Се вратија кај Елисеј, кој остана во Ерихон, и тој им рече: „Не ли ви реков: Не одете!” 19 Жителите од градот му рекоа на Елисеј: „Убаво е во градот, како што може да го види тоа и нашиот господар, ама водата е лоша и земјата неплодна.” 20 Тој рече: „Донесете ми нова чинија и ставете сол во неа!” И тие му донесоа. 21 Тој тогаш отиде кај изворот, ја фрли солта во неа и рече: „Господ зборува вака: ‘Ја исцелувам оваа вода. Од неа нема веќе да има ни смрт ни неплодност.’” 22 И водата стана здрава, и таква е до денешниот ден, според зборот што го рече Елисеј. 23 Оттаму се искачи во Ветил. Додека одеше патем, од градот излегоа деца и му се потсмеваа, говорејќи: „Дојди, бескосник! Дојди, бескосник!” 24 Тој се обѕрна, ги погледа и ги проколна во Господово Име. И веднаш излегоа две мечки од шумата и раскинаа четириесет и две деца. 25 Оттаму отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.
1 Јорам, синот Ахавов, се зацари над Израел во Самарија, во осумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја. И владееше дванаесет години. 2 Правеше што е зло во Господовите очи, ама не како неговиот татко и неговата мајка, зашто го отстрани Вааловиот столб што го имаше подигнато татко му. 3 Но се приврзуваше кон гревот со кој Јеровоам, синот Наватов, го заведуваше Израел; и не отстапуваше од него. 4 Миса, моавскиот цар, беше сточар и му праќаше на израелскиот цар за данок сто илјади јагниња и волна од сто илјади овни. 5 Но кога умре Ахав, моавскиот цар се побуни против израелскиот цар. 6 Токму во тоа време царот Јорам излезе од Самарија и изврши смотра на сите Израелци. 7 Потоа му порача на јудејскиот цар Јосафат: „Моавскиот цар се побуни против мене. Сакаш ли со мене во војна против Моавците?” Јудејскиот цар одговори: „Сакам! Јас како ти, мојот народ како твојот народ, моите коњи како и твоите коњи.” 8 И додаде: „По кој пат ќе одиме?” А другиот му одговори: „Низ Едомската Пустина.” 9 И така израелскиот цар тргна со јудејскиот цар и со едомскиот цар. Скитаа седум дена, а немаше вода за четите ни за добитокот што идеше по нив. 10 Тогаш израелскиот цар извика: „Ах! Господ ги повика овие три цара, за да ги предаде во рацете на Моавците!” 11 Но Јосафат му рече: „Нема ли тука Господов пророк за да Го прашаме Господа преку него?” Тогаш одговори еден од слугите на израелскиот цар: „Тука е Елисеј, синот Сафатов, кој ги полеваше со вода Илиевите раце.” 12 Јосафат рече: „Божјото слово е во него.” И израелскиот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар отидоа кај Елисеј. 13 Но Елисеј му рече на израелскиот цар: „Што имам јас со тебе? Побарај ги пророците на твојот татко и пророците на твојата мајка!” Израелскиот цар му одговори: „Не! Зашто Господ ги повика овие три цара за да ги предаде во рацете на Моавците.” 14 Елисеј одговори: „Живиот ми Господ над Силите, Кому Му служам, кога не би гледал на јудејскиот цар Јосафат, не ќе ти обрнував внимание, ниту ќе погледнев на тебе. 15 Сега доведете ми свирач.” И додека свирачот свиреше, Господовата рака слезе над него. 16 И тој рече: „Господ вели вака: ‘Ископајте многу јами во оваа долина.’ 17 Зашто Господ вели вака: ‘Не ќе почувствувате ветер ниту ќе видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода. И ќе пиете вие, вашиот ситен и крупен добиток.’ 18 Ама тоа уште не е ништо во очите на Господа: Тој ќе го предаде Моав во ваши раце. 19 Вие ќе ги заземете сите утврдени градови, ќе ги исечете сите плодни дрва, ќе ги затрупате сите извори и ќе ги запустите најдобрите полиња: ќе ги посеете со камења.” 20 И навистина, наутро, во времето кога се принесува лебниот принос, дојде вода од Едом и ја преплави сета околина. 21 Кога Моавците чуја дека царевите дојдоа да војуваат со нив, ги повикаа сите кои што беа способни за оружје, и ги поставија на границата. 22 Кога станаа утрото и кога сонцето огреа над онаа вода, на Моавците им се стори отстрана дека водата е црвена како крв. 23 И рекоа: „Тоа е крв! Навистина царевите се судрија меѓусебно и се погубија еден друг. А сега: на грабеж, Моавци!” 24 Но кога стигнаа до израелскиот логор, Израелците се кренаа и ги разбија Моавците, така што овие избегаа пред нив. А Израелците се стрчаа за да ги дотолчат Моавците. 25 Им ги разорија градовите, секој фрлаше по камен на најдобрите ниви за да ги наполнат, ги засипаа изворите и ги исекоа сите плодни дрва. Конечно, остана само градот Кир Арасет; праќкарите го опколија и го биеја. 26 Кога моавскиот цар виде дека не ќе ја издржи битката, зеде со себе седум стотини луѓе вооружени со мечеви, се обиде да се пробие и да дојде до едомскиот цар, ама не успеа. 27 Тогаш го зеде својот син првенец, кој требаше да го наследи, и го принесе како паленица на ѕидот. Тоа им се згади толку на Израелците та отидоа од нив и се вратија во својата земја.
1 Жената на еден од пророчките синови го замоли Елисеја вака: „Твојот слуга, маж ми, умре, а знаеш дека твојот слуга се боеше од Господа. Сега дојде заемодавачот за да ми ги земе двата сина и за да ги направи свои робови.” 2 Елисеј и рече: „Што можам да сторам за тебе! Кажи ми што имаш во куќата?” Таа одговори: „Твојата слугинка нема ништо во куќата освен врчва со масло.” 3 Тогаш и рече: „Оди и позајми од сите свои соседи празни садови, но нека не бидат премалку! 4 Потоа врати се дома, затвори ја вратата зад себе и зад своите синови и налевај масло во сите тие садови и полните ставај ги настрана.” 5 И таа си отиде од него, ја затвори вратата зад себе и зад своите синови. Тие и ги подаваа садовите, а таа ги полнеше. 6 И кога се наполнија садовите, таа му рече на својот син: „Подај ми уште еден сад!” Ама тој и одговори: „Нема веќе садови.” И маслото прекрати. 7 Таа отиде и му кажа на Божјиот човек, а тој и рече: „Оди, продај го маслото и исплати го својот долг, а од остатокот ќе живеете: ти и твоите синови!” 8 Еден ден Елисеј поминуваше низ Сунам. А таму живееше угледна жена, и таа го повика при столот. Оттогаш, кога поминуваше оттаму, се навратуваше кај неа за јадење. 9 Таа му рече на мажа си: „Еве, знам и гледам дека е свет оној Божји човек што поминува оттука. 10 Да му направиме соба на покривот, да му ставиме таму постела стол, столица и светилка: кога ќе дојде кај нас, ќе се повлече таму.” 11 Еден ден тој дојде таму, се повлече во горната соба и се одмори таму. 12 Потоа му рече на својот момок Гиезиј: „Повикај ја таа Сунамка!” Тој ја повика, та таа застана пред него. 13 И уште му рече: „Кажи и: ‘Убаво се грижиш за нас. Што можеме да направиме за тебе? Треба ли да се каже збор за тебе на царот или на војсководачот?’” Но таа одговори: „Јас живеам сред својот народ.” 14 Тој продолжи: „И така, што да направиме за неа?” Гиезиј одговори: „Ете, нема син, а мажот и е возрасен.” 15 А тој рече: „Повикај ја!” Ја повика, а таа застана кај вратата. 16 ”Догодина во ова доба - и рече - ќе прегрнеш син во прегратка.” А таа рече: „Не, господару мој, не ја измамувај својата слугинка!” 17 Но жената навистина забремени, и роди син во она доба на другата година, како што и рече Елисеј. 18 Детето растеше. Еден ден отиде кај таткото при жетварите. 19 И му се поплака на таткото: „Ох, мојата глава, мојата глава!” А таткото му заповеда на еден момок да го однесе кај мајка му. 20 Тој го зеде и го одведе кај неговата мајка. Остана на нејзините колена до пладне, и тогаш умре. 21 Таа тогаш отиде горе и го положи во постелата на Божјиот човек. Потоа излезе и ја заклучи вратата. 22 Потоа го повика мажа си и му рече: „Испрати ми еден од момците и една ослица; ќе отрчам до Божјиот човек и ќе се вратам.” 23 Тој ја праша: „Зошто да одиш денес кај него? Не е ни млада месечина, ниту е сабота.” Но таа одговори: „Остани во мир!” 24 Откако момокот ја насамари ослицата, таа му рече: „Води и тргни! Не задржувај ме патем, освен ако не ти наредам.” 25 Таа отиде и дојде кај Божјиот човек, на гората Кармил. Кога Божјиот човек ја здогледа оддалеку, му рече на својот момок Гиезиј: „Ене ја онаа Сунамка. 26 Отрчај пред неа и прашај ја: ‘Како си? Дали ти е мажот добро? Дали ти е детето здраво?” Таа одговори: „Здрави сме.” 27 Кога стигна до Божјиот човек на гората му ги прегрна нозете. Гиезиј пристапи за да ја оттргне, но Божјиот човек му рече: „Остави ја, зашто душата и е јадосана. Господ ми крие, ништо не ми објави.” 28 А таа рече: „Зар јас барав син од мојот господар? Нели ти зборував да не ме измамуваш.” 29 Тогаш тој му рече на Гиезиј: „Опаши се, земи го во раката мојот стап, па оди! Ако сретнеш некого, не го поздравувај; ако некој те поздрави, не отпоздравувај му. Положи го мојот стап врз детето.” 30 Ама мајката на детето рече: „Жив ми Господ и жива да е твојата душа, не ќе те оставам!” Тогаш тој стана и тргна по неа. 31 Гиезиј отиде пред нив и го положи стапот врз детето, ама немаше ни глас ни одѕив. Тој се врати пред Елисеј и му јави: „Детето не се разбуди.” 32 Елисеј влезе во куќата и го најде детето како лежи мртво на неговата постела. 33 Откако влезе, ја затвори вратата зад себе и Му се помоли на Господа. 34 Потоа се качи на постелата, легна на детето, ја сложи својата уста на неговата уста, своите очи на неговите очи, своите раце на неговите раце; дишеше над него, те се стопли телото на детето. 35 Потоа стана и се прошета по куќата таму-ваму, потоа пак се качи, и дишеше над него. А тогаш детето кивна седумпати и ги отвори очите. 36 И Елисеј го повика Гиезиј и рече: „Повикај ја таа Сунамка.” Тој ја повика. Кога стигна пред него, и рече: „Земи го својот син.” 37 Таа, откако влезе, му падна пред нозете и му се поклони до земја. Потоа го зеде сина си и излезе. 38 Елисеј се врати во Галгал, а имаше глад во земјата. И кога пророчките синови седеа пред него, му рече на својот момок: „Стави голем грнец на огнот и свари им јадење на пророчките синови.” 39 Еден од нив отиде во полето да набере зелје, но најде дива лоза, и набра од неа полна облека горчливи плодови. Се врати и ги насече во грнецот, зашто не знаеше какви се. 40 Им турија на луѓето да јадат. Но кога почнаа да јадат, извикаа: „Божји човеку! Смртта е во грнецот!” И не можеа да јадат. 41 Тогаш Елисеј рече: „Донесете брашно!” И го фрли во грнецот и рече: „Турете им на луѓето да јадат!” И веќе ништо не беше штетно во грнецот. 42 Некој човек дојде од Вал Салиса и му донесе на Божјиот човек леб од првите плодови, дваесет јачмени лебови и зрна во класје. А тој заповеда: „Дај им на луѓето да јадат!” 43 Но неговиот момок одговори: „Како можам тоа да го ставам пред сто луѓе?” Тој одговори: „Раздај им на луѓето, и нека јадат, зашто Господ вели вака: ‘Ќе јадат, и ќе остане.’” 44 И тој стави пред нив. И јадоа, и уште остана, според Господовото слово.
1 Нееман, војсководачот на арамејскиот цар, беше угледен човек, и почитуван пред својот господар, зашто Господ преку него им даде победа на Арамејците. Ама тој вешт воин беше лепрозен. 2 Еднаш Арамејците отидоа во грабеж и на израелското подрачје пленија млада девојка, која што потоа и служеше на Неемановата жена. 3 Таа и рече на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата!” 4 Нееман отиде и го извести својот господар: „Така и така рече девојката, која дојде од Израелевата Земја.” 5 Арамејскиот цар одговори: „Оди таму! Јас ќе му испратам писмо на израелскиот цар.” Нееман отиде; зеде десет таланти сребро, шест илјади златни сикли и десет свечени облеки. 6 И му го предаде на израелскиот цар писмото што кажуваше: „Со писмото што ти пристига, еве, ти го праќам и својот слуга Нееман, за да го излечиш од лепрата.” 7 Кога израелскиот цар го прочита писмото, ги раскина облеките врз себе и рече: „Зар сум јас Бог за да можам да умртвувам и да оживувам, та овој го праќа кај мене за да го излечам од неговата лепра? Гледајте само како бара причина за да ме нападне!” 8 А кога Елисеј научи дека израелскиот цар ја раскинал облеката врз себе, му порача на царот: „Зошто ги раскина своите облеки? Оној само нека дојде кај мене и нека се увери дека има пророк во Израел.” 9 И така Нееман стигна со своите коњи и со колите, и застана пред вратата на Елисеевата куќа. 10 А Елисеј му порача на дојденикот: „Оди и искапи се седумпати во Јордан, и телото ќе ти биде пак чисто.” 11 Нееман се налути и тргна, велејќи: „Ете, јас мислев ќе излезе пред мене, ќе го повика Господа, својот Бог, ќе ја стави раката на болното место и ќе ми ја однесе лепрата. 12 Не се ли реките во Дамаск, Авана и Фарфар, подобри од сите израелски води? Не можам ли да се искапам во нив за да станам чист?” Се сврте и си отиде лут оттаму. 13 Ама неговите слуги му пристапија и му рекоа: „Татко мој, да ти одредеше пророкот и потешко зар не би направил? А камоли кога ти рече: ‘Искапи се, и ќе бидеш чист.’” 14 И така слезе, се изми седумпати во Јордан, според зборот на Божјиот човек; и телото му стана пак како кај мало дете - се очисти! 15 Тој се врати кај Елисеј, со сета своја придружба, влезе, застана пред него и му рече: „Еве, сега знам дека нема Бог во сета земја, освен во Израел. Затоа те молам, прими подарок од својот слуга.” 16 Но тој одговори: „Жив ми Господ, Кому Му служам, не примам.” Нееман настојуваше за да прими, ама тој не сакаше. 17 Тогаш Нееман рече: „Добро, кога не сакаш. Но барем дозволи да ми дадат, мене, на твојот слуга, од оваа земја колку што можат да носат две мазги. Зашто твојот слуга нема веќе да им принесува паленици и жртви на други богови освен на Господа. 18 А Господ нека му го прости ова на твојот слуга: кога мојот господар ќе отиде во Римоновиот храм за да се поклони таму, па се потпре врз мојата рака, тогаш и јас ќе се поклонам во храмот Римонов. Господ нека му го прости тој чин на твојот слуга.” 19 А тој му рече: „Оди си во мир.” И се оддалечи Нееман и помина дел од патот. 20 Гиезиј, слугата на Елисеја, на Божјиот човек, помисли: „Мојот господар го поштеди Неемана, Арамеецот, и не прими ништо од она што му понуди. Жив ми Господ, ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.” 21 И Гиезиј побрза по Неемана. Кога Нееман го виде дека трча по него, му скочи од својата кола во пресрет и го праша: „Дали е сè добро?” 22 Тој одговори: „Добро е. Мојот господар ме праќа да ти речам: ‘Токму стигнаа два младци од Ефремовата Гора, двајца од пророчките синови. Дај за нив, те молам, талант сребро и две облеки.’” 23 Нееман рече: „Земи, те молам, два таланта!” И настојуваше да земе. И врза два таланта сребро во две ќесиња, и две облеки, и им ги предаде на двајца свои слуги за да ги носат пред него. 24 Кога Гиезиј стигна до Офел, ги зеде од нивните раце и ги скри во куќата. Потоа ги пушти луѓето, и тие си отидоа. 25 Кога дојде, се јави пред својот господар. Елисеј го праша: „Откаде, Гиезиј?” Тој одговори: „Твојот слуга никаде не отиде.” 26 Ама Елисеј рече: „Не беше ли моето срце со тебе кога некој слезе од својата кола та излезе пред тебе? Сега прими сребро, па можеш да купиш маслинови градини, лозја, ситен и крупен добиток, слуги и слугинки. 27 Но Неемановата лепра ќе се прилепи за тебе и за твоето потомство засекогаш.” И Гиезиј се оддалечи од него, бел од лепрата како снег.
1 Пророчките синови му рекоа на Елисеј: „Ете, тесно ни е местото кај тебе. 2 Туку да отидеме до Јордан, па таму секој да земеме по греда и да си направиме таму живеалиште.” Тој одговори: „Одете!” 3 Еден од нив му рече: „Благоволи да дојдеш со своите слуги.” Тој одговори: „Ќе дојдам.” 4 И тргна со нив. Кога дојдоа до Јордан, почнаа да сечат дрва. 5 А додека еден од нив ја делкаше гредата, секирата му падна во водата, и тој викна: „Ах, господару! И уште беше позајмена!” 6 А Божјиот човек праша: „Каде падна?” Оној му го покажа местото. Тогаш тој пресече дел од дрво, го фрли на она место и направи секирата да исплива. 7 И рече: „Извади ја!” И човекот ја протегна раката та ја зеде. 8 Арамејскиот цар беше во војна со Израел, се посоветува со своите придворници и рече: „Подигнете логор на тоа место.” 9 Но Елисеј му порача на израелскиот цар: „Чувај се од она место, зашто Арамејците се влогорија таму.” 10 И израелскиот цар ги предупреди луѓето за местото за кое му рече Божјиот човек. Тој ги предупредуваше, а царот се пазеше; а тоа стана повеќе пати. 11 Срцето на арамејскиот цар се вознемири заради тоа, па тој ги повика своите придворници та ги праша: „Не сакате ли да ми речете кој од нашите му поткажува на царот на Израел?” 12 Еден од придворниците одговори: „Не, господару цару; Елисеј, Израелевиот пророк, му ги открива на израелскиот цар зборовите што ги кажуваш во својата спална.” 13 Тој рече: „Отидете и видете каде е, та веќе ќе испратам да го фатат.” И му јавија: „Ене го во Дотан.” 14 Тогаш царот испрати таму коњи, коли и силни чети. Тие стигнаа ноќе и го опколија градот. 15 Наутро, откако стана Божјиот човек, излезе, а ете околу градот стои војска со коњи и коли! Неговиот момок му рече: „Ах, господару мој, што ќе правиме?” 16 А тој одговори: „Не бој се, зашто ги има повеќе со нас, отколку со нив.” 17 И Елисеј се помоли вака: „Господи, отвори му ги очите да види!” И Господ му ги отвори очите на момокот, и тој виде: гората околу Елисеј сета покриена со огнени коњи и со коли!” 18 Кога Арамејците слегоа спрема него, Елисеј Му се помоли на Господа вака: „Порази ги со слепило овие луѓе!” И на Елисеев збор ги удри со слепило. 19 Елисеј им рече: „Ова не е патот и ова не е градот. Тргнете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате.” Но ги одведе во Самарија. 20 Кога влегуваа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги на овие очите за да прогледаат.” Господ им ги отвори очите, и тие видоа дека се среде Самарија! 21 Кога ги виде царот на Израел, му рече на Елисеј: „Дали треба да бидат погубени, татко мој?” 22 А тој одговори: „Немој да ги убиваш. Зар ќе ги убиеш оние што не ги зароби со својот лак и меч? Дај им леб и вода, за да јадат и да пијат, и нека се вратат при својот господар.” 23 Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва. 24 После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија. 25 И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро. 26 Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!” 27 Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?” 28 Уште и рече царот: „Што ти е?” Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’ 29 Го сваривме мојот син и го изедовме. А утреден и реков: ‘Дај го твојот син за да го изедеме.’ Но таа го скри својот син.” 30 Кога царот ги чу зборовите на таа жена, ги раскина облеките врз себе. И кога одеше по ѕидот, народот виде дека има вреќиште на телото. 31 И тогаш царот рече: „Господ нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго ако главата на Елисеј, синот Сафатов, остане врз неговите раменици денес!” 32 Елисеј седеше во својата куќа, и старешините седеа со него. Царот испрати пред себе гласник, но Елисеј им рече на старешините, пред да стигне гласникот до него: „Гледате ли дека оној крвнички син нареди да ми ја земат главата? Внимавајте: кога гласникот ќе стигне, затворете ја вратата и одбијте го од вратата. Не слуша ли се тропот на чекорите на неговиот господар по него?” 33 Додека уште им зборуваше, гласникот стапи пред него и му рече: „Ете, оваа неволја е од Господа! Што да чекам уште од Господа?”
1 Тогаш Елисеј рече: „Чуј го Господовото слово: Господ вели вака: ‘Утре во ова доба при вратата на Самарија една мера чисто брашно ќе биде за сикал, а две мери јачмено брашно за сикал.” 2 Дворјанецот, на чија рака се потпираше царот, му одговори на Божјиот човек: „И кога Господ би направил окна на небото, дали би можело да биде тоа?” А Елисеј одговори: „Ќе видиш со своите очи, но не ќе јадеш.” 3 А пред градската врата беа четири проказани; тие си рекоа еден на друг: „Зошто стоиме тука и ја чекаме смртта? 4 Ако одлучиме да влеземе во градот, гладта е во градот, та ќе умреме таму; ако останеме тука, пак ќе умреме. Ајде! Да избегаме и да преминеме во арамејскиот логор: ако нè остават во живот, ќе живееме; ако нè убијат, па добро: ќе умреме!” 5 Во примрак, откако станаа, тргнаа оттаму во арамејскиот логор. Стигнаа до работ на логорот, и ете - таму немаше никој! 6 Зашто Господ направи та во арамејскиот логор се чу шум од коли и коњи, врева на голема војска. И зборуваа меѓу себе: „Ете, царот на Израел ги наеми против нас хетитските цареви и египетските цареви за да тргнат против нас.” 7 Се дигнаа и избегаа во примрак: ги оставија своите шатори, коњите и ослињата, сиот логор каков што беше. Побегнаа за да ја спасат жива главата. 8 И така, кога проказаните дојдоа до работ на логорот, се вовлекоа во еден шатор. Откако се најадоа и напија, зедоа оттаму сребро, злато и облеки па отидоа да ги скријат. Тогаш се вратија па влегоа во друг шатор: зедоа плен од него, та отидоа и го скрија. 9 Тогаш си рекоа еден на друг: „Не смееме да правиме така. Денешниот ден е полн со радосни вести, а ние молчиме. Ако го дочекаме утрото, ќе бидеме виновни. Затоа да тргнеме! Да му ја јавиме новоста на дворецот.” 10 И се вратија, ја повикаа градската стража и соопштија: „Отидовме во арамејскиот логор, а таму никаде немаше човек ни човечки глас; само коњите се врзани, и ослињата, а шаторите се оставени какви што се.” 11 Стражарите извикаа и соопштија во внатрешноста на дворецот. 12 Царот стана ноќе и им рече на своите придворници: „Јас ќе ви објаснам што ни направија Арамејците. Бидејќи знаат дека сме гладни, излегоа од логорот и се скрија во полето мислејќи: ‘Тие веќе ќе излезат од градот, а ние ќе ги фатиме живи, и ќе влеземе во градот.’” 13 А еден од неговите придворници одговори: „Сепак нека бидат земени пет од останатите коњи. Со нив ќе биде како со сето Израелево множество што остана тука. Да ги испратиме, па ќе видиме.” 14 И зедоа два колски коња, и царот испрати луѓе во арамејскиот логор, говорејќи: „Одете, извидете!” 15 Одеа по нив до Јордан; целиот пат беше покриен со облеки и со работи што Арамејците ги исфрлија при бегањето. Гласниците се вратија и го известија царот. 16 И народот излезе и почна да го ограбува арамејскиот логор: и мера чисто брашно беше за шекел, а две мери јачменово брашно за еден шекел според Господовото слово. 17 Царот го постави на градската врата оној дворјанец на чија рака се потпирал; а народот го изгази во вратата, и тој умре, според зборот што го рече Божјиот човек кога царот беше дојден кај него. 18 Се случи како што Божјиот човек му рече на царот: „Утре во ова доба при вратата на Самарија две мери јачменово брашно ќе бидат за шекел и мера чисто брашно за шекел.” 19 Дворјанецот му одговори на Елисеја: „Па Господ да направи и окна на небото, дали би можело да биде тоа што го велиш?” Елисеј му одговори: „Ќе видиш со своите очи, но нема да јадеш.” 20 И навистина, така му се случи: народот го изгази при вратата, та тој умре.
1 Елисеј ја посоветува жената на која и го оживеа синот: „Стани, тргни со своето семејство и засолни се како туѓинка каде и да било, зашто Господ пушти глад; веќе дојде во земјата за седум години.” 2 Жената стана и направи како што и рече Божјиот човек: си отиде, таа и нејзиното семејство, и остана седум години во Филистејската Земја. 3 На крајот на седмата година жената се врати од Филистејската Земја и отиде кај царот да си ја побара својата куќа и нивата. 4 Токму царот разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек. Му велеше: „Раскажи ми за сите големи дела што Елисеј ги направил!” 5 И кога му раскажуваше на царот за воскресението на детето, ете ја жената на која Елисеј и го оживи синот; таа му се обрати на царот заради својата куќа и за својата нива. А Гиезиј рече: „Господару цару, еве ја онаа жена, и еве го нејзиниот син, кого Елисеј го оживеа.” 6 Царот ја праша жената, и таа му раскажа сè. Тогаш царот даде еден слуга, кому му нареди: „Нека и се врати сè што е нејзино, и сите приходи од денот кога ја напушти земјата до денес!” 7 Елисеј дојде во Дамаск. Вен-Адад, арамејскиот цар, беше разболен. Веднаш му јавија: „Божјиот човек дојде ваму.” 8 Тогаш царот му рече на Азаила: „Земи со себе подарок па оди пред Божјиот човек. И прашај Го Господа преку него, за да научам дали ќе се излечам од оваа болест.” 9 Азаил отиде пред Елисеја и му донесе подарок од сè што беше најдобро во Дамаск, сè тоа натоварено на четириесет камили. Дојде тој и застана пред него и рече: „Твојот син Вен-Адад, арамејскиот цар, ме праќа кај тебе и прашува дали ќе оздрави од онаа болест.” 10 Елисеј му одговори: „Оди и речи му: ‘Ќе оздравиш, секако!’ Но Господ ми покажа дека ќе умре.” 11 И Божјиот човек го насочи погледот пред себе, збунет, и заплака. 12 Азаил рече: „Зошто плачеш, господару мој?” Елисеј одговори: „Затоа што ги знам сите зла што ти ќе им ги направиш на Израелците: ќе им ги изгориш тврдините, со меч ќе ги истепаш нивните млади луѓе, ќе ги сотираш нивните деца, а ќе ги распаруваш трудните жени.” 13 Азаил рече: „Но што е твојот слуга? Зар е пес за да направи такви страшни работи?” Елисеј одговори: „Во едно Господово откровение те видов тебе како арамејски цар.” 14 Азаил си отиде од Елисеј и се врати кај својот господар, кој го праша: „Што ти рече Елисеј?” Тој одговори: „Ми рече дека ќе оздравиш.” 15 Но утреден ја зеде покривката, ја накваси во вода и го покри царот преку лицето, та тој умре. А на негово место се зацари Азаил. 16 Во петтата година на царувањето на Јорама, синот Ахавов, во Израел, јудејски цар стана Јорам, синот Јосафатов. 17 Му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим. 18 Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; правеше што е зло во Господовите очи. 19 Сепак Господ не сакаше да го погуби Јуда заради Својот слуга Давид, затоа што му вети дека ќе им даде светилник нему и на неговите синови засекогаш. 20 Во негово време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија цар. 21 Јорам отиде во Саир, и со него сите бојни коли. Се крена ноќе и ги погуби Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. Народот избега во своите шатори. 22 Сепак Едомците се ослободија од под јудината власт сè до денес. Во исто време се одметна и Ливна. 23 Другите Јорамови дела, сè што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 24 Јорам почина покрај своите татковци, и беше закопан кај своите татковци во Давидовиот Град. Неговиот син Охозиј се зацари место него. 25 Во дванаесеттата година на Јорам, синот Ахавов, израелскиот цар, јудејски цар стана Охозиј, синот Јорамов. 26 На Охозиј му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Готолија, а му беше ќерка на израелскиот цар Амриј. 27 И тој одеше по патот на Ахавовиот дом и правеше зло во Господовите очи, како и Ахавовиот дом, зашто беше род со него. 28 Тој тргна со Јорам, Ахавовиот син, во Галадскиот Рамот во бој против Азаил, арамејскиот цар. И арамејците го ранија Јорама. 29 Царот Јорам се врати во Езраел за да се лечи од раните што му ги нанесоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејскиот цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам беше болен.
1 Пророкот Елисеј повика еден од пророчките синови и му рече: „Препаши се, земи го со себе овој сад со масло па оди во Галадски Рамот. 2 Кога ќе стигнеш онаму, побарај го Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев. Кога ќе го најдеш изведи го од сред неговите другари и воведи го во крајната соба. 3 И земи го садот со масло, излеј му го врз главата и речи: „Господ вели вака: ‘Те помазав за израелски цар.’ Потоа отвори ја вратата и бегај, не се двоуми.” 4 Тогаш младиот пророк отиде во Галадски Рамот. 5 Кога стигна, заповедниците на војската токму седеа собрани. Тој рече: „Имам да ти кажам слово, заповеднику!” Јуј праша: „Кому од нас?” Тој одговори: „Тебе, заповеднику!” 6 Тогаш Јуј стана и влезе во куќата. Младиот човек му излеа масло на главата и му рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Те помазав за цар над Господовиот народ, над Израел. 7 Ти ќе го погубиш домот на Ахава, твојот господар, а Јас ќе ја одмаздам крвта на своите слуги пророците, и крвта на сите Господови слуги врз Језавела 8 и врз сиот Ахавов дом. Ќе му ги откорнам на Ахава сè што мокри покрај ѕид, робовите и слободниците во Израел. 9 Ќе направам со Ахавовиот дом како со домот на Јеровоам, синот Наватов, и како со домот на Васа, синот Ахиин. 10 Језавела ќе ја изедат кучињата во Езраелското Поле, и никој не ќе ја закопа.’” - Потоа ја отвори вратата и избега. 11 Јуј излезе кај придворниците на својот господар. Тие го прашаа: „Дали е сè во мир? Зошто дојде тој безумник кај тебе?” Тој им одговори: „Го знаете човекот и неговата беседа.” 12 Тие рекоа: „Не знаеме! Кажи ни!” Тој им рече: „Ми зборуваше така и така и ми рече: ‘Господ вели вака: „Те помазав за цар над Израел!”‘“ 13 Тие веднаш ги зедоа своите наметки и ги послаа пред него на лествиците, затрубија во роговите и извикаа: „Јуј е цар!” 14 Така Јуј, синот Јосафатов, синот Нимсиев, подготви завера против Јорам, тогаш Јорам го бранеше Галадски Рамот со сите Израелци против Азаил, арамејскиот цар. 15 Ама царот Јорам се врати во Израел за да ги лечи раните што му ги зададоа Арамејците во бојот против Азаил, арамејскиот цар. И Јуј рече: „Ако ви е по волјата, нека никој не избега од градот за да однесе вест во Езраел.” 16 Тогаш Јуј се качи во кола и отиде кон Езраел, зашто Јорам боледуваше таму, и Охозиј, јудејскиот цар, дојде да го посети. 17 Стражарот што стоеше на стражарницата во Езраел, гледајќи дека доаѓа Јујовата чета, јави: „Гледам некаква чета.” Јорам нареди: „Земи коњаник и испрати го пред нив да праша: „Дали е сè со мир.” 18 Коњаникот отиде пред него и рече: „Царот вели вака: ‘Дали е сè со мир?’” - Јуј одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.” Стражарот соопшти: „Гласникот стигна до нив, но не се враќа.” 19 Царот испрати друг коњаник. Тој дојде кај нив и праша: „Царот вели вака: ‘Дали е сè со мир?’” Јуј му одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.” 20 Стражарот јави пак: „Дојде до нив, ама не се враќа. А возењето е како возењето на Јуј, синот Нимсиев: вози како безумник!” 21 Јорам рече „Спрегнувај!” И спрегнаа во неговата кола. Јорам, царот на Израел, и јудејскиот цар Охозиј излегоа, секој во својата кола во пресрет на Јуј. Го сретнаа во полето на Езраелецот Навутеј. 22 Кога Јорам го здогледа Јуја, го праша: „Дали е сè во мир, Јуј?” Овој одговори: „Каков мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините бројни вражања!” 23 Јорам сврти и почна да бега велејќи му на Охозиј: „Предавство, Охозиј!” 24 Јуј го грабна лакот, го застрела Јорама меѓу плеќите; стрелата му помина низ срцето, та тој падна од колата. 25 Јуј му рече на својот дворјанец Вадекар: „Дигни го и фрли го во нивата на Езраелецот Навутеј. Спомни си: кога јас и ти јававме по неговиот татко Ахав, како Господ изрече против него: 26 ’Се колнам: како што сношти ја видов крвта на Навутеј и крвта на неговите синови - слово е Господово - така ќе ти вратам исто на ова поле’ - Господово слово е. И така, крени го, и фрли го во тоа поле, според Господовото слово.” 27 Кога јудејскиот цар Охозиј го виде тоа, избега кон Вет Хаган (Градинска Куќа), но Јуј го гонеше и нареди: „Погубете го и него во колата!” Го ранија во колата на брдото Гур, што се наоѓа кај Ивлеам. Но избега во Медигон, и таму умре. 28 Неговите слуги го пренесоа со колата во Ерусалим и го погребаа во гробницата покрај неговите татковци, во Давидовиот Град. 29 Во единаесеттата година на царувањето на Јорам, синот Ахавов, Охозиј стана цар над Јудеја. 30 А Јуј беше влегол во Езраел. Кога Језавела го чу тоа, ги намачка очите, ја украси главата и погледна од прозорецот. 31 И кога Јуј влегуваше низ вратата, таа рече: „Како е, Зимриј, убиецу на својот господар?” 32 Јуј го сврти лицето кон прозорецот и рече: „Кој е со мене, кој?” И два-три дворјанци погледнаа кон него. 33 Тој рече: „Фрлете ја долу.” И тие ја фрлија. Нејзината крв ги испрска ѕидовите и коњите, кои што ја изгазија. 34 Тој влезе, јадеше и пиеше, а потоа нареди: „Погледајте ја онаа проклетница и погребете ја, зашто беше царска ќерка.” 35 И отидоа да ја погребат, но не најдоа ништо од неа освен черепот, нозете и рацете. 36 Се вратија и му јавија, а Јуј рече: „Тоа е словото што Господ го објави преку Својот слуга Тесвиецот Илија: ‘Во Езраелското Поле кучињата ќе го изедат Језавелиното тело. 37 Језавелиниот труп ќе биде како гној во полето, за да не може да се рече: „Ова е Језавела.”‘“
1 Во Самарија беа седумдесет Ахавови синови. Јуј напиша писмо и им го испрати на заповедниците на градот, на старешините и на хранителите на Ахавовите деца. Велеше во него: 2 ”Сега, кога ќе ви стигне ова писмо - вие, кај кои се синовите на вашиот господар, кои имате коли и коњи, цврсти градови и оружје - 3 погледајте кој од синовите на вашиот господар е најдобар и најдостоен, па го поставите на престолот на неговиот татко и борете се за домот на својот господар.” 4 Но тие се уплашија многу и рекоа: „Ете, два цара не можеа да му дадат отпор, како ќе му устоиме ние?” 5 Управителот на дворецот, повелникот на градот и старешините и хранителите му го порачаа ова на Јуј: „Ние сме твои слуги, ќе правиме сè што ќе ни наредиш; никого нема да го прогласиме за цар. Прави што мислиш дека е добро.” 6 Јуј им напиша и второ писмо и рече во него: „Ако сте за мене и ако сакате да ме слушате, земете им ги главите на луѓето; на синовите на својот господар, и побарајте ме утре во ова доба во Езраел.” Имено, седумдесет царски синови беа кај угледните граѓани, кои ги воспитуваа. 7 А кога им стигна ова писмо, ги зедоа царевите синови и ги погубија сите седумдесет. Нивните глави ги ставија во кошници и му ги испратија нему во Езраел. 8 Гласникот дојде и му јави: „Ги донесоа главите на царските синови.” Тој рече: „Ставете ги до утре кај влезната врата, на две купчиња.” 9 Утрото излезе, застана и му рече на својот народ: „Вие сте праведни! Јас се заверив против својот господар, но кој ги уби сите овие? 10 Знајте, дека не остана ниту едно слово што Господ го кажа против Ахавовиот дом; туку Господ изврши сè што рече преку Својот слуга Илија.” 11 И Јуј ги погуби во Езраел сите кои останаа од Ахавовиот дом, сите големци, неговите пријатели и неговите свештеници. Никого не поштеди. 12 Потоа Јуј стана и отиде во Самарија. Кога беше на патот кај Овчарска Колиба, 13 ги најде браќата на јудејскиот цар Охозиј та ги праша: „Кои сте?” Тие му одговорија: „Ние сме браќа на Охозиј, а слегуваме за да ги поздравиме царевите синови и синовите на царицата.” 14 Тогаш заповеда: „Фатете ги живи!” И ги фатија живи, и ги погубија при кладенецот кај Вет Екеда, нив четириесет и два. Не остави ниеден од нив. 15 Откако си отиде оттаму, го најде Јонадава, синот Рихавов, кој му доаѓаше во пресрет. Тој го поздрави и му рече: „Дали е твоето срце искрено спрема моето, како што е моето кон твоето?” Јонадав одговори: „Искрено е.” - „Ако е така, дај ми ја раката.” Јонадав му ја испружи раката, и Јуј го стави покрај себеси во колата. 16 И му рече: „Дојди по мене, ќе и се восхитуваш на мојата ревност по Господа.” И го одведе во својата кола. 17 Влезе во Самарија и ги погуби сите преживеани од Ахавовиот дом во Самарија. Сите ги откорна според словото што Господ му го кажа на Илија. 18 Јуј го собра сиот народ и му рече: „Ахав го почитуваше малку Ваала; Јуј ќе го почитува повеќе. 19 Сега повикајте ми ги сите Валови пророци, сите негови слуги и сите негови свештеници, нека не изостане ниеден, зашто ќе му жртвувам на Ваала голема жртва. Кој ќе изостане, ќе го изгуби животот.” Јуј работеше итро, за да ги уништи Валовите верници. 20 Јуј рече: „Свикајте свечен собир за Ваала.” И го свикаа. 21 На тоа Јуј испрати гласници по сиот Израел, и дојдоа сите Валови верници: не беше ниту еден изостанат. Се собраа во Валовиот храм, што се исполни од едниот ѕид до другиот. 22 Јуј му рече на чуварот на облеките: „Изнесете им облеки на сите Валови верници.” И им ги изнесе облеките. 23 Јуј влезе во Валовиот храм со Јонадава, синот Рихавов, и им рече на Валовите верници: „Проверете добро, за да нема тука меѓу вас Господови слуги, туку само Валови верници.” 24 Тие влегоа да принесат жртви и паленици. Но Јуј имаше поставено надвор осумдесет свои луѓе и им рече: „Ако некој од вас пушти да избега и само еден од овие луѓе што ги предавам во вашите раце, со својот живот ќе плати за неговиот живот.” 25 Кога Јуј го заврши приносот на паленицата, им нареди на телохранителите и на началниците: „Влезете, погубете ги! Никој да не излезе!” Телохранителите и началниците влегоа, ги погубија со острилото на мечот и ги исфрлија надвор. После отидоа до светилиштето на Валовиот храм. 26 Го изнесоа Валовиот лик од храмот и го спалија. 27 Го раскопаа Валовиот жртвеник и го претворија во јами за нечистота, што останаа до денес. 28 Така Јуј го истреби Ваала од Израел. 29 Но Јуј не се сврти од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, со кои го заведуваше Израел, од златните телиња во Ветил и Дан. 30 Господ му рече на Јуј: „Затоа што го сврши добро тоа што ми е по волја, и затоа што направи сè што го носев во срцето против Ахавовата куќа, твоите синови ќе седат на престолот Израелев сè до четвртото колено.” 31 Но Јуј не го следеше верно и со сето срце законот на Господа, Израелевиот Бог. Не се одврати од гревовите со кои Јеровоам го заведуваше Израел. 32 Во она време Господ почна да отцепува делови од Израелевата Земја, и Азаил се биеше со Израел на свое подрачје, 33 од Јордан кон изгрејсонце, во сета земја Галад, во Гадовата, Рувимовата и Манасиевата земја, сè од Ароир, до Галад и Васан. 34 Другите Јујови дела, сè што направи, сите негови дела, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 35 Почина покрај своите татковци и го погребаа во Самарија. Неговиот син Јоахаз се зацари место него. 36 Јуј владееше во Самарија над Израел дваесет и осум години.
1 Затоа Охозиевата мајка Готолија, откако виде дека и загина синот, стана и го погуби сиот царски род. 2 Ама Јосавеа, ќерка на царот Јорам и сестра Охозиина, го зеде Охозиевиот син Јоас; украдувајќи го од сред царските синови кои ги убиваа, го сложи со доилката во спалната. Така го спаси од Готолија, та не беше погубен. 3 Беше скриен во Господовиот Дом, шест години, сè додека во земјата владееше Готолија. 4 Во седмата година Јодај испрати по стотниците на Каријците и по телесната стража, и ги повика кај себе во Господовиот Дом. Склучи со нив договор, ги заколна во Господовиот Дом и им го покажа царевиот син. 5 И им рече: „Еве што треба да направите: третината од вас што доаѓате во сабота нека чува стража кај царскиот дворец. 6 Втората третина, онаа кај Урската Врата, и третата третина, онаа кај задната стражарска врата, нека чуваат стража кај влезот во дворецот; 7 а останатите ваши два одреда, сите кои што во сабота излегуваат од служба, нека чуваат стража во Господовиот Дом кај царот. 8 Така ќе го опкружите царот, секој со оружје во раката. И кој ќе се обиде да помине низ вашите редови, нека биде погубен. Бидете покрај царот каде и да тргне или да излезе.” 9 Стотниците направија сè како што им нареди свештеникот Јодај. Секој од нив ги зеде своите луѓе кои што во сабота влегуваа на служба со оние кои во сабота излегуваа. И сите дојдоа кај свештеникот Јодај. 10 Јодај им ги даде на стотниците копјата и штитовите на царот Давид што беа во Господовиот Дом. 11 Стражарите се наредија, со оружје во раката, од јужната до северната страна на Домот, и спрема жртвеникот и спрема Домот околу царот наоколу. 12 Тогаш Јодај го изведе царевиот син, му стави круна и му го даде Сведоштвото и го помаза за цар. Плескаа со рацете и викаа: „Да живее царот!” 13 Кога Готолија ја чу виката на народот, дојде кај народот во Господовиот Дом. 14 Погледа подобро, кога ете, царот, според обичајот, стои на своето место, а пред царот повелници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби. Тогаш Готолија ги раскина облеките и извика: „Предавство! Предавство!” 15 Свештеникот Јодај им нареди на стотниците и воените заповедници: „Изведете ја низ редовите, и кој ќе тргне по неа, погубете го со меч.” Уште свештеникот додаде: „Немојте да ја погубите во Господовиот Дом.” 16 Ги ставија рацете на неа, а кога низ Коњската Врата стигнаа до царскиот дворец, таму ја погубија. 17 Тогаш Јодај склучи Завет меѓу Господа и царот и народот; и меѓу царот и народот за да биде народот Господов народ. 18 Потоа сиот народ отиде во Валовиот храм, и го разурнаа, ги срушија жртвениците и ги искршија ликовите; а Валовиот свештеник Матан го убија пред жртвениците. А свештеникот пак постави стражи кај Господовиот Дом. 19 Потоа ги зеде стотниците на Каријците, стражата и сиот народ. Тие го изведоа царот од Господовиот Дом и го воведоа во дворецот низ Стражарската Врата. И Јоас седна на царскиот престол. 20 Сиот народ се веселеше и градот се смири кога ја убија Готолија со меч во царскиот дворец. 21 На Јоаса му беа седум години кога се зацари.
1 Во седмата година на Јујовото царување Јоас стана цар, и царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија и беше од Вир-Савеа. 2 Јоас правеше што е право во очите на Господа во текот на сиот свој век, зашто го поучуваше свештеникот Јодај. 3 Ама не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. 4 Јоас им рече на свештениците: „Сите сребреници од посветените дарови што се донесени во Господовиот Дом; сребрениците што му се наметнати некому со преценка, и сребрениците што некој ги донесува по своја волја во Господовиот Дом, 5 свештениците нека земат секој од својот познат, и тие нека го поправат со тоа Домот, каде што ќе се најде некакво оштетување.” 6 Но во дваесет и третата година на царувањето на Јоас свештениците уште не го поправија Домот. 7 Тогаш царот Јоас ги повика свештеникот Јодај и другите свештеници и им рече: „Зошто не го поправувате Домот? Отсега веќе не смеете да земате сребреници од своите познати, туку треба да ги дадете за поправка на Домот.” 8 Свештениците се согласија да не земаат сребреници од народот, ама да не го поправаат ни Домот. 9 Тогаш свештеникот Јодај зеде ковчег, засече отвор врз капакот и го стави покрај жртвеникот, десно од влезот во Господовиот Дом. Свештениците, чуварите на вратата, ги ставаа во него сите сребреници собрани во Господовиот Дом. 10 Кога ќе се видеше дека во ковчегот има многу сребреници, ќе дојдеше царевиот тајник со великиот свештеник, та ќе ги преброеја и ќе ги врзеа сребрениците што се наоѓаа во Господовиот Дом. 11 Преброените сребреници му беа врачувани на управителите на работите за поправка на Господовиот Дом, а тие им исплаќаа на дрводелците и на градежниците, кои работеа во Господовиот Дом, 12 и на ѕидарите и на делкачите на камен, и за набавување на дрво и на делкан камен, одредени за поправка на Господовиот Дом, накратко: за трошоците за поправката на Домот. 13 Но во Господовиот Дом не се правеа сребрени чаши, ни ножеви, ни котлиња, ни труби, ниту било каков предмет од злато или од сребро за сребрениците што беа подарени, 14 туку им ги даваа на работниците кои ги главија за поправка на Господовиот Дом. 15 Не се бараше сметка од луѓето на кои им ги предаваа сребрениците за да ги дадат на трудбениците, зашто тие работеа совесно. 16 Сребрениците од надоместоците за престап и за грев не се внесуваа во Господовиот Дом, туку им припаѓаа на свештениците. 17 Тогаш Азаил, арамејскиот цар, тргна на војна против Гат и го освои. Потоа одлучи да тргне против Ерусалим. 18 Јоас, јудејскиот цар, ги зеде сите посветени дарови кои ги посветија јудејските цареви, неговите татковци: Јосафат, Јорам и Охозиј, сè што самиот посвети и сето злато што се најде во ризниците на Господовиот Дом и на царскиот дворец. Сè тоа му го испрати на Азаил, арамејскиот цар, и така тој се оддалечи од Ерусалим. 19 Другите Јоасови дела и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 20 Неговите стотници станаа и направија заговор; го убија Јоаса во Вет Мило кога слегуваше во него, на патот за Сило. 21 Неговите стотници Јоазахар, синот Симеатов, и Јозавад, синот Сомиров, му зададоа смртен удар. Го закопаа покрај неговите татковци во Давидовиот Град, а неговиот син Амасиј се зацари место него.
1 Во дваесет и третата година на царувањето на јудејскиот цар Јоас, синот Охозиин, Јоахаз, синот Јујов, стана израелски цар во Самарија. Царуваше седумнаесет години. 2 Тој правеше што е зло во Господовите очи, и се поведе по гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведуваше Израел да греши. Не отстапуваше од нив. 3 Тогаш Господ зовре од гнев против Израел, и го предаде во рацете на арамејскиот цар Азаил и во рацете на Вен-Адад, синот Азаилов, за сето она време. 4 Но Јоахаз го ублажи Господовото лице, и Господ го послуша, зашто ја виде неволјата што арамејскиот цар му ја нанесуваше на Израел. 5 Господ му даде на Израел избавител кој го избави од арамејските раце, та Израелците живееја во своите шатори како и порано. 6 Но не отстапуваа од гревовите со кои Јеровоам го беше завел Израел: туку одеа по нив, а и ашерите останаа во Самарија. 7 Господ му остави на Јоахаз само педесет коњаници како војска, десет бојни коли и десет илјади пешаци; арамејскиот цар ги беше уништил и згазил како прав при вршење. 8 Другите Јоахазови дела, сè што направи и што преземал, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 9 Јоахаз почина со своите татковци, и беше погребан во Самарија, а неговиот син Јоас се зацари место него. 10 Во триесет и седмата година на царувањето на јудејскиот цар Јоас - Јоас, синот Јоахазов, стана израелски цар во Самарија. 11 Правеше што е зло во очите на Господа. Не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел. Се поведе по него. 12 Другата Јоасова повест, сè што направи, неговите јунаштва, како војуваше со Амасиј, јудејскиот цар, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 13 Јоас почина со своите татковци, а Јеровоам се искачи на неговиот престол. Го погребаа Јоаса во Самарија, покрај израелските цареви. 14 Кога Елисеј се разболе од болест од која што требаше да умре, му дојде израелскиот цар Јоас, се расплака над него и му рече: „Татко мој, татко мој! Израелева кола и неговите коњаници!” 15 Елисеј му рече: „Земи лак и стрели.” И тој ги зеде лакот и стрелите. 16 Тогаш Елисеј му рече на царот: „Оптегни го лакот!” И тој го оптегна. Елисеј ги стави рацете врз царевите раце, 17 потоа рече: „Отвори го прозорецот кон исток.” И тој го отвори, а на тоа Елисеј рече: „Стрелај!” И тој исфрли стрела, а Елисеј рече: „Победоносна Господова стрела! Победничка стрела над Арамејците! До нозе ќе ги разбиеш Азамејците кај Афек.” 18 И продолжи: „Земи ги стрелите!” Тој ги зеде. Тогаш Елисеј му рече на царот: „Удри на земјата!” Тој удри трипати и застана. 19 Тогаш Божјиот човек се разгневи на него и рече: „Требаше да удриш пет или шестпати! Тогаш потполно ќе ги разбиеше Арамејците; вака ќе ги победиш само трипати.” 20 Потоа Елисеј умре, и го закопаа. А ограбувачките чети на Моавците ја напаѓаа земјата секоја година. 21 Се случи некои - погребувајќи човек - да ги здогледаат разбојниците: го фрлија мртовецот на Елисеевиот гроб и си отидоа. Мртовецот, откако ги допре Елисеевите коски, оживе и застана на нозе. 22 Арамејскиот цар Азаил ги угнетуваше Израелците за време на сиот Јоахазов век. 23 Но Господ им се смилува и се нажали над нив. Погледна кон нив заради Својот Завет што го имаше склучено со Авраама, со Исака и со Јакова. Не сакаше да ги истреби и не ги отфрли далеку од Своето лице до денес. 24 Азаил, арамејскиот цар, умре, а неговиот син Вен-Адад завладеа место него. 25 Тогаш Јоас, синот Јоахазов, пак ги зеде од рацете на Вен-Адад, синот Азаилов, градовите кои Азаил во војна му ги одзеде на неговиот татко Јоахаз. Јоас го порази трипати и ги врати Израелевите градови.
1 Во втората година на царувањето на Јоас, синот Јоахазов, над Израел, јудејски цар стана Амасиј, синот Јоасов. 2 Му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана и беше од Ерусалим. 3 Правеше што е право во Господовите очи, ама не сосем како неговиот прататко Давид. Во сè го следеше Јоаса, својот татко. 4 Ама не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. 5 Кога го зацврсти царството, ги погуби оние стотници кои што му го убија таткото. 6 Но не ги погуби синовите на тие убијци, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот закон, каде Господ заповеда: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите ни синовите за татковците, туку секој нека гине за својот грев.” 7 Тој ги разби Едомците во Солената Долина, нив десет илјади, и во битката ја зазеде Села; и го даде името Јоктиел, што го носи до денешниот ден. 8 Тогаш Амасиј му испрати гласници на израелскиот цар Јоас, синот на Јујовиот син Јоахаз, и му порача: „Дојди да се видиме лице в лице!” 9 А израелскиот цар Јоас му одговори на јудејскиот цар Амасиј: „Ливанскиот трн еднаш му испрати гласници на ливанскиот кедар: ‘Дај му ја ќерка ти на мојот син за жена,’ ама дивите ливански ѕверови поминаа и го изгазија трнот. 10 Ги разби Едомците, па срцето ти збесна и бараш слава! Подобро остани дома. Зошто го предизвикуваш злото и сакаш да пропаднеш ти и сите Јудејци со тебе?” 11 Ама Амасиј не послуша. Израелскиот цар Јоас излезе, та се сретнаа во бој, тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет Семес, во Јудеја. 12 Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа секој под својот шатор. 13 Израелскиот цар Јоас го фати во Вет Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Охозиин, и го одведе во Ерусалим. Тогаш го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аглената Врата, во должина од четири стотини лакти. 14 Откако го зеде сето злато, сребро и садовите што се наоѓаа во Господовиот Дом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија. 15 Другата Јоасова повест, сè што направи и преземал, и како војувал со Амасиј, јудејскиот цар, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 16 Јоас почина со своите татковци и е погребан во Самарија покрај израелските цареви. Неговиот син Јеровоам се зацари место него. 17 Амасиј, синот Јоасов, јудејскиот цар, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, синот Јоахазов. 18 А другата Амасиева повест, зар не е запишана во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 19 Против него направија завера во Ерусалим. Иако тој избега во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе кои го убија таму. 20 Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа во Ерусалим покрај неговите татковци, во Давидовиот Град. 21 Тогаш сиот јудејски народ го зеде Азариј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија место неговиот татко Амасиј. 22 Тој пак го изгради Елат и и го врати на Јудеја, откако царот почина кај своите татковци. 23 Во петнаесеттата година на царувањето на јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, израелски цар во Самарија стана Јеровоам, синот Јоасов. Тој царуваше четириесет и една година. 24 Правеше што е зло во Господовите очи, не се остави од ниеден грев на Јеровоама, синот Наватов, кој го заведе Израел во грев. 25 Тој го доби назад израелското подрачје од Влезот во Емат до Мртвото Море, според словото што Господ, Израелевиот Бог, го рече преку Својот слуга Јона, синот Аматиев, пророк од Гат Ефер. 26 Зашто Господ ја виде лутата неволја на Израел, дека веќе нема ни слободни ни робови и никој да му помогне на Израел. 27 Но Господ не одлучи да го избрише Израелевото име под небото: го спаси со раката на Јеровоам, синот Јоасов. 28 Другата Јеровоамова повест, сè што направи и сè што преземал, како војуваше и како им го врати Дамаск на Јуда и на Израел, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 29 Јеровоам почина со своите татковци. Го погребаа во Самарија, покрај израелските цареви, а неговиот син Захариј се зацари место него.
1 Во дваесет и седмата година на царувањето на Јеровоам, израелскиот цар, јудејски цар стана Азариј, синот Амасиин. 2 Му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим. 3 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј. 4 Само не ги разурна високите места, и народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. 5 Но Господ го удри царот, тој остана лепрозен до смртта. Живееше во оддвоена куќа. Царевиот син Јотам беше управител на дворецот и му судеше на народот во земјата. 6 Другата Азариева повест и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 7 Азариј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во Давидовиот Град. А на негово место се зацари неговиот син Јотам. 8 Во триесет и осмата година на Азариевото царување во Јудеја, израелски цар во Самарија за шест месеци стана Захариј, синот Јеровоамов. 9 Тој правеше сè што е зло во Господовите очи, како што правеа неговите татковци; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе на грев Израел. 10 Салум, синот Јависов, се побуни против него; го удри и го усмрти во Иблеам, те се зацари место него. 11 Другата повест на Захариј е запишана во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 12 Се исполни словото што Господ му го рече на Јуј: „Твоите синови ќе седат на Израелевиот престол се до четвртото колено.” И така беше. 13 Салум, синот Јависов, стана цар во триесет и деветтата година на царувањето на Озиј, јудејскиот цар, и царуваше месец дена во Самарија. 14 Менаим, синот Гадиев, се дигна од Терса, дојде во Самарија, та го удри Салума, синот Јависов, го усмрти и се зацари место него. 15 Другата повест Салумова, и заверата што ја направи, сè е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 16 Тогаш Менаим ја разурна Тапса и сè што беше во неа, и неговото подрачје од Терса, зашто не му ја отворија вратата. Ја разурна и ги прободе сите трудници во неа. 17 Во триесет и деветтата година на царувањето на Азариј во Јудеја, Менаим, синот Гадиев, стана цар на Израел. Царуваше десет години во Самарија. 18 Правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел, во сите свои денови. 19 Во негово време, Фул, царот на Асирија, ја освои земјата. Менаим му даде на Фула илјада таланти сребро за да му помогне да ја зацврсти царската власт во своите раце. 20 Менаим ги собра тие сребреници од Израел, од сите имотни луѓе, за да би можел да му ги даде на асирискиот цар. Беа по педесет шекели од човек. Така асирискиот цар се врати и не остана таму во земјата. 21 Другата повест на Менаим, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? 22 Менаим почина со своите татковци, а неговиот син Факиј се зацари место него. 23 Во педесеттата година на царувањето на јудејскиот цар Азариј, израелски цар во Самарија стана Факиј, синот Мениамов. Царуваше две години. 24 Тој правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел, во грев. 25 Неговиот дворјанец Факеј, синот Ремалиев, направи заговор против него и го уби во Самарија, во стражарницата на царскиот дворец, со Аргов и Арие. Со себе имаше педесет луѓе од Галгал. Го уби царот и се зацари место него. 26 Другата повест на Факиј, и сè што направи, сè тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 27 Во педесет и втората година на царувањето на Азариј, јудејскиот цар, во Самарија цар стана Факеј, синот Ремалиев. Царуваше дваесет години. 28 Тој правеше што е зло во Господовите очи; не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, кој го заведе Израел. 29 Во време на израелскиот цар Факеј дојде асирискиот цар Теглат Феласар и ги зазеде Ијон, Авел Вет Мака, Јанох, Кедес, Асор, Галад, Галилеја и сета Нефталимова Земја. И го одведе населението во Асирија. 30 Осиј, синот Илин, се завери против Факеј, синот Ремалиев, го уби и се зацари место него во дваесеттата година на Јотам, синот Озиин. 31 Другата Факеева повест, сè што направи, сè тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви. 32 Во втората година на царувањето на Факеј, синот Ремалиев, над Израел; јудејски цар стана Јотам, синот Озиин. 33 Му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим. Името на мајка му и беше Еруса, Садокова ќерка. 34 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и татко му Озиј. 35 Но ни тој не ги разурна високите места; народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Тој ја изгради Горната Врата на Господовиот Дом. 36 Другата повест на Јотама, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 37 Во неговите дни Господ почна да ги праќа против Јудеја арамејскиот цар Ресин и Факеј, синот Ремалиев. 38 Тогаш Јотам почина кај татковците, и го погребаа во градот на неговиот прататко Давид. А на негово место се зацари син му Ахаз.
1 Во седумнаесеттата година на царувањето на Факеј, синот Ремалиев, јудејски цар стана Ахаз, синот Јотамов. 2 На Ахаза му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во очите на Господа, својот Бог, како што го правеше тоа неговиот предок Давид. 3 Живееше слично на израелските цареви, и самиот го поминуваше својот син низ оган по гнасниот обичај на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 4 Принесуваше жртви и кадеше по високите места и по брежињата и под секое зелено дрво. 5 Тогаш арамејскиот цар Ресин и Факеј, синот Ремалиев, цар на Израел, тргнаа во војна против Ерусалим. Го опсадија, но не можеа да го освојат. 6 Во тоа време арамејскиот цар Ресин им го врати Елат на Едомците; ги протера Јудејците од Елат, и Едомците влегоа во него, и таму останаа до денес. 7 Тогаш Ахаз испрати пратеници при асирскиот цар Теглат Феласар да му речат: „Јас сум твој слуга и твој син! Дојди и избави ме од рацете на арамејскиот цар и на царот на Израел, кои се подигнаа против мене.” 8 Ахаз ги зеде среброто и златото што се наоѓаа во Господовиот Дом и во благајните на царскиот дворец, и му испрати сè како дар на асирискиот цар. 9 И асирискиот цар го послуша: отиде против Дамаск и го освои. Жителите ги одведе во Кир, а Ресина го погуби. 10 Царот Ахаз отиде во Дамаск во пресрет на асирискиот цар Теглат Феласар. И го виде жртвеникот што беше во Дамаск. Тогаш царот Ахаз му ги испрати на свештеникот Уриј мерките на жртвеникот, неговиот нацрт и сите подробности на неговата градба. 11 Свештеникот Уриј изгради жртвеник; сите напатствија што царот Ахаз ги испрати од Дамаск, свешетеникот Уриј ги изврши пред да се врати царот Ахаз од Дамаск. 12 Откако царот Ахаз стигна од Дамаск, го виде жртвеникот, му пристапи и принесе жртва. 13 Ги изгоре врз жртвеникот својата паленица и својот лебен принос, ја излеа својата налевница и со крвта од помирителната жртва го попрска жртвеникот. 14 Бронзениот жртвеник, кој беше пред Господа, го отстрани пред Храмот, каде беше меѓу новиот жртвеник и Господовиот Дом. И го стави покрај новиот жртвеник од кон север. 15 Царот Ахаз му заповеда на свештеникот Уриј: „Врз големиот жртвеник ќе ги спалуваш утринската паленица и вечерниот лебен принос, царевата паленица и неговиот лебен принос; и палениците, лебните приноси и налевниците на целиот народ. Врз него ќе ја излеваш сета крв од палениците и крвните жртви. А за бронзениот жртвеник уште ќе размислам.” 16 Свештеникот Уриј направи како што му нареди царот Ахаз. 17 Царот Ахаз ги извади рамките од подножјата; од нив ги извади и мијалниците. А бронзеното море го спушти од воловите што стоеја под него и го стави врз камениот под. 18 Пред асирискиот цар ги отстрани од Господовиот Дом Саботниот Ходник што го беа изградиле, и надворешниот царски пристап. 19 Другата Ахазова повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 20 Ахаз почина со своите татковци, и е погребан во Давидовиот Град. На негово место се зацари син му Езекија.
1 Во дванаесеттата година на царувањето на Ахаз во Јудеја, Осиј, синот Илин, стана израелски цар во Самарија. Царуваше девет години. 2 Тој правеше што е зло во Господовите очи, но не како израелските цареви, неговите претходници. 3 Асирискиот цар Салманасар тргна против Осиј, кој му се покори и му плаќаше данок. 4 Но асирискиот цар откри дека Осиј му подготвува заговор: Осиј уште испрати пратеници кај египетскиот цар Сој и не му го плати данокот на асирискиот цар како секоја година. Тогаш асирискиот цар го фрли во темница. 5 Асирискиот цар ја освои сета земја и тргна да ја опсадува Самарија. 6 Во деветтата година на Осиевото царување, асирискиот цар ја зазеде Самарија и ги одведе Израелците во ропство во Асирија. Ги насели во Ава, и покрај Авор, река во Гозана, и во мидиските градови. 7 И се случи така зашто Израелците згрешија против Господа, својот Бог, кој ги изведе од Египетската Земја, од под власта на фараонот, египетскиот цар. Почитуваа други богови, 8 ги следеа обичаите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови, живееја според обичаите што ги воведоа израелевите цареви. 9 Израелците и нивните цареви постојано правеа незгодни дела против Господа, својот Бог. Подигнаа високи места во сите свои населби: од стражарските стражарници па до утврдените градови. 10 Подигнаа столбови и ашери на секое повисоко ритче и под секое зелено дрво. 11 Таму, на сите високи места, кадеа според обичајот на народите што Господ ги протера пред нив, и правеа лоши дела та го предизвикуваа Господовиот гнев. 12 Им служеа на ликовите, иако Господ им беше рекол: „Не правете го тоа!” 13 А Господ ги опоменуваше Израелците и Јудејците преку сите свои пророци и преку сите претскажувачи: „Обратете се од својот лош пат - зборуваше - и покорувајте им се на Моите наредби и заповеди според Законот што им го наложив на вашите татковци и според сè што ви објавив преку Своите слуги - пророците.” 14 Но тие не послушаа, туку останаа со корави вратови како и нивните татковци, кои не веруваа во Господа, својот Бог. 15 Ги презираа Неговите закони и Заветот што го склучи со нивните татковци, и Неговите опомени што им ги упатуваше. Се стремеа кон суетата, па и самите станаа суетни, следејќи ги народите околу себе, иако Господ им заповеда да не прават како нив. 16 Ги отфрлија сите заповеди на Господа, својот Бог, и си направија за себе леани кипови, две телиња. Подигнаа ашери, и се клањаа на сета небеска војска и му служеа на Ваала. 17 Ги поминуваа своите синови и ќерки низ оган, се предаваа на вражање и гатање, правејќи така зло во Господовите очи и разгневувајќи Го. 18 Тогаш Господ се разгневи на Израел и го отфрли од пред Своето лице. Остана само Јудиното племе. 19 Но Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и ги следеше обичаите што ги држеа Израелците. 20 И Господ го отфрли сиот род на Израел, го понижи и им го предаде на ограбувачите, додека не ги отфрли конечно далеку од Своето лице. 21 Конечно, Тој ги оттргна Израелците од Давидовата куќа, а Израел го прогласи за цар Јеровоам, синот Наватов. Јеровоам го одврати Израел од Господа и го наведе на голем грев. 22 Израелците го следеа секој грев што ќе го направеше Јеровоам, и не се одвраќаа од него, 23 додека конечно Господ не го отфрли Израел од пред Своето лице, како што тоа го беше објавил преку Своите слуги, пророците. Ги одведе Израелците од нивната земја во ропство во Асирија, каде се до денешниот ден. 24 Асирискиот цар доведе луѓе од Вавилон, од Хута, од Ава, од Емат и од Сефарваим, и ги насели во градовите на Самарија место Израелците. Тие ја присвоија Самарија и се населија во нејзините градови. 25 За време на населувањето во земјата, не Го почитуваа Господа, и Тој испрати лавови против нив за да ги растргаат. 26 Затоа му рекоа на асирискиот цар: „Народите што ги пресели за да ги населиш во градовите на Самарија, не знаат како треба да се почитува Бог на оваа земја, и Тој испрати против нив лавови, кои ги усмртуваат зашто тие народи не го познаваат богопочитувањето на оваа земја.” 27 Тогаш асирискиот цар ја издаде оваа заповед: „Еден од свештениците, кои ги доведов оттаму во ропство, нека оди онаму; нека оди, нека се насели таму и нека ги поучи во почитувањето на Бога на онаа земја.” 28 Така отиде еден од свештениците кои беа одведени од Самарија и се насели во Ветил. Тој ги поучи како треба да се почитува Бог. 29 Секој народ имаше ликови на своите богови, и ги поставија во храмовите на високите места кои ги подигнаа Самаријците, секој народ во своите градови во кои што живееше. 30 Вавилонците го направија Сокхот-Венот, Хутците Нергал, Ематците Асима; 31 Авијците ги направија Ниваз и Тартак, а Сефарваимците ги спалуваа своите деца во оган во чест на Адрамелех и Анамелех, сефарваимските богови. 32 Тие Го почитуваа и Господа, и поставија некои луѓе меѓу себе за свештеници на високите места, кои им ги принесуваа жртвите во домовите на високите места. 33 Го почитуваа Господа и им служеа на своите богови според обичаите на оние народи откаде ги преселија. 34 Тие уште и денес ги пазат старите обичаи. Не се плашат од Господа и не ги ускладуваат своите правила и обичаи со Законот и со заповедите што Господ им ги нареди на децата на Јакова кому му го даде името Израел. 35 Господ беше склучил Завет со нив и им заповеда: „Не почитувајте ги туѓите богови ниту им се клањајте. Немојте да им служите ниту да им принесувате жртви. 36 Само Господ е Оној Кој со големата сила на својата протегната рака ве изведе од Египетската Земја; почитувајте Го Него, клањајте Му се Нему и принесувајте Му жртви Нему. 37 Пазете ги правилата и уредбите, законот и заповедите кои ви ги пропиша за да ги исполнувате верно засекогаш, и не почитувајте ги туѓите богови. 38 Немојте да го заборавите Заветот што го склучив со вас, и немојте да почитувате други богови, 39 само Господа, својот Бог, почитувајте Го, и Тој ќе ве избави од рацете на сите ваши непријатели.” 40 Но тие не послушаа, туку и натаму се држеа за својот стар обичај. 41 Така тие народи Го почитуваа Господа, а им служеа и на своите кипови. Нивните синови и синовите на нивните синови прават, до денешниот ден, онака како што правеа нивните татковци.
1 Во третата година на царувањето на Осиј, синот Илин, во Израел, јудејски цар стана Езекија, синот Ахазов. 2 Му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерката Захариева. 3 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како неговиот татко Давид. 4 Тој ги отстрани високите места, ги разурна столбовите, ги исече ашерите и ја скрши змијата од бронза, што ја беше направил Мојсеј. Израелците сè дотогаш и принесуваа жртви. Ја викаа Неустан. 5 Се надеваше во Господа, Израелевиот Бог. Ни пред него ни по него му немаше рамен меѓу јудејските цареви. 6 Се прилепи кон Господа и никогаш не се сврти од Него. Ги пазеше сите заповеди што ги даде Господ преку Мојсеја. 7 И Господ беше со него, го помагаше во сите негови потфати. Се побуни против асирискиот цар и веќе не му беше потчинет. 8 Тој ги разби Филистејците до Газа, ги запусте нивните подрачја, од стражарските кули сè до утврдените градови. 9 Во четвртата година на Езекиевото владеење, а тоа беше седмата година од царувањето на израелскиот цар Осиј, синот Илин, асирискиот цар Салманасар ја нападна Самарија и ја опсади. 10 Ја освои после три години. Во шестата година на Езекиевото владеење, а во деветтата година на израелскиот цар Осиј, падна Самарија. 11 Асирискиот цар ги одведе Израелците во ропство во Асирија и ги насели во Халах, покрај Авор, гозанската река, и во мидиските градови. 12 Тоа беше затоа што не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и зашто го прекршија Неговиот Завет и сè што им нареди Мојсеј, Господовиот слуга. Не слушаа ништо ниту исполнуваа. 13 Во четиринаесеттата година на Езекиевото владеење, асирискиот цар Сенахирим ги нападна утврдените јудејски градови и ги освои. 14 Тогаш јудејскиот цар Езекија му порача на асирискиот цар во Лахис: „Згрешив! Прекрати ги своите напади врз мене. Ќе носам сè што ќе наложиш.” Асирискиот цар побара од Езекија, јудејскиот цар, триста таланти сребро и триесет таланти злато. 15 И Езекија го даде сето сребро што се најде во Господовиот Дом и во ризниците на царскиот дворец. 16 Во тоа време Езекија ги откова вратата и вратниците на Господовото Светилиште што тој самиот, јудејскиот цар Езекија, ги имаше позлатено, и тоа му го испрати на асирискиот цар. 17 Асирискиот цар му ги испрати од Лахис во Ерусалим на јудејскиот цар Езекија врховниот заповедник на војската, големиот дворјанец и пехарникот со силна војска. Тие тргнаа, а кога стигнаа во Ерусалим, застанаа кај водоводот на Горниот Рибник, на патот во Валавичарското Поле. 18 Тие го повикаа царот. Пред нив излегоа управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов. 19 Големиот достоинственик (Раб-Шак) им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака вели големиот цар, асирискиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш? 20 Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и сила за војна? Во кого се надеваш па си се побунил против мене? 21 Ете, се потпираш на Египет, врз скршената трска што ја прободува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа. Таков е фараонот, египетскиот цар, за сите кои се надеваат во него. 22 Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Нему Езекија Му ги отстрани високите места и жртвениците и им заповеда на Јудејците: ‘Клањајте се само пред овој жртвеник во Ерусалим?’”‘ 23 Ајде, обложи се со мојот господар, асирискиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив! 24 Тогаш како ќе устоиш пред еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници. 25 Најпосле, зар јас покрај Господовата волја тргнав против ова место за да го разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’” 26 Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот достоинственик: „Те молиме, зборувај им на своите слуги арамејски, зашто ние разбираме; не зборувај со нас јудејски за да нè чуе народот кој е на ѕидовите!” 27 Но големиот достоинственик им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го кажам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени да ја јадат со вас својата нечистота и да ја пијат својата моч?” 28 Тогаш големиот достоинственик се исправи и ги извика со сиот глас на јудејски овие зборови: „Чујте ги зборовите на големиот цар, асирискиот цар! 29 Царот вели вака: ‘Езекија нека не ве измамува, зашто не може да ве избави од мојата рака. 30 Езекија нека не ве охрабрува со надежта во Господа велејќи: „Господ ќе не избави бездруго, овој град нема да падне во рацете на асирискиот цар.”‘ 31 Не слушајте го Езекија, зашто вака вели асирискиот цар: ‘Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој од вас нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец, 32 додека не дојдам и не ве одведам во земјата што е како вашата, во земја на жито и вино, во земја на масло и мед, за да живеете и за да не изумрете. Не оставајте да ве мами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.” 33 Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирискиот цар? 34 Каде се боговите ематски и арфадски, каде се боговите сефарваимски, енски и авски, каде се самариските богови за да ја избават Самарија од мојата рака? 35 Кои од сите богови на тие земји ја избавија својата земја од мојата рака, за да го избави Господ Ерусалим од мојата рака?’” 36 Молчеа, и не одговорија ниту збор, зашто царот беше заповедал: „Не одговорувајте му!” 37 Управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов, дојдоа кај Езекија, раскинувајќи ги облеките, и му ги соопштија зборовите на големиот достоинственик.
1 Откако го чу тоа, царот Езекиј ја раскина својата облека, облече вреќиште и отиде во Господовиот Дом. 2 Потоа ги испрати Елијаким, управителот на дворецот, писарот Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, кај пророкот Исаија, синот Амосов. 3 Тие му рекоа: „Езекија вели вака: ‘Ова е ден на неволја, казна и ругање. Децата стасаа до раѓање, а нема сила да се родот. 4 Можеби Господ, твојот Бог, чу што рече големиот достоинственик кого асирискиот цар, неговиот господар, го испрати да го хули живиот Бог, и можеби Господ, твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чул! Помоли се за Остатокот што уште остана.’” 5 Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија, 6 тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Господ вели вака: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа Мене слугите на асирискиот цар. 7 Ќе вдахнам во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.”‘“ 8 Големиот достоинственик се врати и го најде асирискиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот си отиде од Лахис. 9 Имено, ја чу веста за Тирак, етиопскиот цар: „Еве, излезе да се бори против тебе.” Тогаш Сенахирим испрати пак пратеници за да му кажат на Езекија: 10 ”Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те мами твојот Бог, во кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирискиот цар!” 11 Ти знаеш што им направија асириските цареви на сите земји предавајќи ги на проклетство! А ти, ти ли ќе се спасиш? 12 Дали боговите ги спасија народите што моите татковци ги уништија: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденците во Тел Асар? 13 Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на Сефарваим, Ена и Ава?’” 14 Езекија го прими писмото од посланиковата рака и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка пред Господа таму. 15 И Му се помоли Езекија на Господа вака: „Господи, Израелев Боже, Кој седиш над херувимите, Ти си единствен Бог над сите земски царства, Ти ги создаде небото и земјата. 16 Приклони го увото, Господи, и чуј, отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахиримовите зборови што ги испрати за да Го хули живиот Бог. 17 Вистина е, о Господи, асириските цареви ги сотреа народите и нивните земји; 18 им ги фрлија во оган боговите; зашто тоа не беа богови, туку дела на човечките раце, од дрво и од камен; затоа и ги уништија. 19 Но сега, Господи, Боже наш, избави нè од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.” 20 Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што Ми ја упати заради Сенахирим, асирискиот цар. 21 Еве ги зборовите што Господ ги објави против него: Те презира, ти се руга девицата, Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка. 22 Кого го навредуваше, хулеше? На кого викаше гласно, дигаше горделив поглед? На Израелевиот Светец! 23 Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: „Со множество коли, јас се искачив на врвот на гората, на највисоките врвови на Ливан. Му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Му го достигнав највисокиот врв и неговата гориста градина. 24 Копав и пиев туѓи води; со стапалата тогаш ги исушив сите египетски реки.” 25 Слушаш ли добро? Одамна тоа го подготвував, го смислував од искон, сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини. 26 Нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите опалена од источниот ветар. 27 Знам кога се дигаш и кога седиш, кога излегуваш и кога се враќаш. 28 Зашто беснееше против Мене и зашто твојот бес дојде до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узда во устата, ќе те вратам по патот по кој што и дојде! 29 А ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што само ќе се изрони, догодина тоа што само ќе порасте, а во третата година сејте и жнијте, садете ги лозјата, јадете им го родот. 30 Преживеаните од Јудиниот дом ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во висина. 31 Зашто Остатокот ќе излезе од Ерусалим, запазените од гората Сион. Сè тоа ќе го направи Господовата ревност. 32 Затоа Господ зборува вака за асирискиот цар: „Тој не ќе влезе во овој град, не ќе ги фрла своите стрели ваму, кон него ни штитот не ќе го заврти, ниту ќе копа насипи околу него. 33 Ќе се врати по патот по кој што и дојде, не ќе влезе во овој град” - Господово слово е. 34 Ќе го штитам овој град, ќе го спасам, заради Себе и заради Својот слуга Давид.” 35 Во истата ноќ Господов Ангел излезе и погуби сто осумдесет и пет илјади во асирискиот логор. Наутро, кога требаше да се стане, ете, таму беа сè само мртовци. 36 Сенахирим го крена логорот и си отиде. Се врати и живееше во Нинива. 37 Еден ден, додека се клањаше во храмот на својот бог Нисрок, неговите синови Адрамелех и Сарсар го убија со меч и пребегаа во Араратската земја. На негово место се зацари син му Есар Адон.
1 Во она време Езекија се разболе на смрт. Пророкот Исаија, синот Амосов, му дојде и рече: „Господ вели вака: ‘Среди ја својата куќа, зашто ќе умреш; нема да оздравиш.’” 2 Езекија се сврти кон ѕидот и вака Му се помоли на Господа: 3 ”Ах, Господи! Спомни си милостиво дека пред Тебе одев верно и со чесно срце, и дека правев што е добро во Твоите очи.” И Езекија заплака горко. 4 Исаија уште не беше излегол од средишниот двор кога му стигна Господовото слово: 5 ”Врати се и речи му на Езекија, на главатарот на Мојот народ, ‘Господ, Бог на твојот татко Давид, вели вака: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи, ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом. 6 Ќе му додадам на твојот век уште петнаесет години. Ќе ве избавам тебе и овој град од рацете на асирискиот цар; ќе го закрилам овој град заради Себе и заради Својот слуга Давид.”‘“ 7 Исаија наложи: „Земете облог од смокви, завиткајте му го врз чирот, и тој ќе оздрави.” 8 Езекија го праша Исаија: „По кој знак ќе знам дека Господ ќе ме излечи и дека по три дни ќе влезам во Господовиот Дом?” 9 Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи што рекол: сакаш ли сенката да се помрдне за десет стапки напред или да се врати за десет стапки?” 10 Езекија одговори: „Лесно е да се помрдне сенката за десет стапки напред! Не! Сенката нека се врати за десет стапки!” 11 Пророкот Исаија извика кон Господа, и Тој направи да се врати сенката. Слезе за десетте последни стапки на Ахазовиот сончев часовник. 12 Во тоа време вавилонскиот цар Веродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека се разболел и оздравел. 13 Езекија се израдува од тоа и им ги покажа на пратениците: својата благајна - среброто, златото, мирисите, мирисливото масло - својата оружница и сè што беше во складовите. Немаше ништо во неговиот дворец и во сета негова управа што Езекија не им покажа. 14 Тогаш пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што рекоа тие луѓе и откаде дојдоа кај тебе?” Езекија одговори: „Дојдоа од далечна земја, од Вавилон.” 15 Исаија праша натаму: „Што видоа во твојот дворец?” Езекија одговори: „Видоа сè што е во мојот дворец; нема ништо во моите складови што не им покажав.” 16 Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Чуј го Господовото слово: 17 ’Еве доаѓаат денови кога сè што е во твојот дворец, сè што насобрале твоите татковци до денес, ќе биде однесено во Вавилон. Ништо нема да остане, вели Господ. 18 А од синовите што ќе произлезат од тебе, што ќе ти се родат, некои ќе ги земат за да бидат скопени дворјанци во дворецот на вавилонскиот цар.’” 19 Езекија му одговори на Исаија: „Добро е словото што Господ ти го објави.” А мислеше: „Зошто не? Ако бидат мир и безбедност за време на мојот живот!” 20 Другата Езекиева повест, сите негови потфати, и како изградил рибник, и водовод за да ја доведе водата во градот, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 21 Езекија почина со своите татковци, а неговиот син Манасиј се зацари место него.
1 На Манасиј му беа дваесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Евси-Ва. 2 Правеше што е зло во очите на Господа, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 3 Ги обнови високите места што неговиот татко Езекија ги обори, му подигна жртвеник на Ваал, направи ашери како што беше направил Ахав, израелскиот цар; и почна да и се клања на сета небеска војска и да и служи. 4 Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кои Господ беше рекол: „Моето Име ќе престојува во Ерусалим.” 5 изгради жртвеници на сета небеска војска во двете преддворја на Господовиот Дом. 6 И своите синови ги помина низ оган. Вражаше, гаташе, создаде бајачи и привидувачи; направи премногу зло во Господовите очи, и го разгневи. 7 Даде да се изваја ликот на Ашера, и го постави во Домот, за кого Господ им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе Го поставам Своето Име довека. 8 Не ќе оставам веќе ногата на Израелците да избега од земјата која им ја дадов во наследство на нивните татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сè што сум им заповедал: Законот што им го објави Мојот слуга Мојсеј.” 9 Но тие не послушаа, Манасиј ги заведе, та правеа уште полошо отколку народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови. 10 Тогаш Господ зборуваше вака преку Своите пророци: 11 ”Затоа што јудејскиот цар Манасиј ги вршеше тие мерзости, затоа што направи повеќе зла отколку што правеа Аморејците пред него, и затоа што ги заведе Јудејците со своите кипови на божества, 12 вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе направам да дојде неволја на Ерусалим и на Јудеја, таква што ќе им заѕунат двете уши на оние што ќе чујат за неа. 13 Ќе оптегнам над Ерусалим исто јаже како над Самарија, иста мерилка како над Ахавовиот дом; ќе го избришам Ерусалим како што се брише посатката, па тогаш се превртува. 14 Ќе ги отфрлам остатоците на Своето наследство, ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели; ќе им служат за плен и за грабеж на сите свои непријатели, 15 зашто правеа што е зло во Моите очи, и зашто го предизвикуваат Мојот гнев од денот кога нивните татковци излегоа од Египет па сè до денес.’” 16 И многу невина крв пролеа Манасиј, така што со неа се наполни Ерусалим од едниот крај до другиот, а да не се спомнува и неговиот грев со кој го заведе Јуда за да прави што е зло во Господовите очи. 17 Другата Манасиева повест, неговите дела, и гревовите што ги направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 18 Манасиј почина покрај своите татковци и е погребан во градината на својот дворец, во Озината Градина. Син му Амон се зацари место него. 19 На Амон му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Месулемета, ќерка Арусова, и беше од Јотева. 20 Тој правеше што е зло во Господовите очи, како што правеше неговиот татко Манасиј. 21 Во сè го следеше патот на својот татко, им служеше на киповите на кои им служеше и неговиот татко, и им се клањаше. 22 Тој Го остави Господа, Бога на своите прататковци, и не одеше по Господовиот пат. 23 Амоновите стотници направија завера против него и го убија царот во дворецот. 24 Но простиот народ ги погуби сите оние кои што се заверија против царот и на неговото место го зацари син му Јосиј. 25 Другата Амонова повест, и сè што правел, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 26 Го погребаа во гробницата на неговиот татко, во Озината Градина, а неговиот син Јосиј се зацари место него.
1 На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Једида, ќерката Адаева, и беше од Васкат. 2 Правеше што е добро во Господовите очи. Во сè одеше по патот на својот татко Давид, не свртувајќи ни десно ни лево. 3 Во осумнаесеттата година на своето царување Јосиј го испрати својот тајник Сафан, синот Авалиев, синот Месуламов, во Господовиот Дом и му рече: 4 ”Оди кај големиот свештеник Хилкиј за да ти ги подготви сребрениците што се однесени во Господовиот Дом и што чуварите на прагот ги собраа од народот. 5 Нека им ги врачи на раководителите поставени во Господовиот Дом, а тие нека ги исплатат работниците кои го поправаат Господовиот Дом, 6 дрводелците, градежниците и ѕидарите, и да се купува дрво и делкан камен што се потребни за поправка на Домот. 7 Но нека не се бара од нив сметка за врачените сребреници, зашто тие работат чесно. 8 Великиот свештеник Хилкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдовме книжниот свиток на Законот во Господовиот Дом.” И Хилкиј му го даде свитокот на Сафан, кој го прочита. 9 Тајникот Сафан дојде кај царот та го извести: „Твоите слуги - рече тој - ги собраа сребрениците, што ги најдоа во Домот и им ги предадоа на раководителите, поставени во Господовиот Дом.” 10 Тогаш тајникот Сафан го извести царот: „Свештеникот Хилкиј ми даде еден свиток.” И Сафан почна да чита пред царот. 11 Откако ги чу зборовите на книжниот свиток на Законот, царот ги раскина своите облеки. 12 И им нареди на свештеникот Хилкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Ахвор, на тајникот Сафан и на царскиот слуга Асај: 13 ”Отидете и прашајте Го Господа за мене и за народот, и за сета Јудеја, заради овој свиток што е најден, зашто е голема Господовата јарост што се излеала на нас затоа што нашите татковци не ги слушаа зборовите на овој свиток, не постапувале согласно тоа што ни е напишано во него.” 14 Свештеникот Хилкиј, Ахикам, Ахвор, Сафан и Асај отидоа кај пророчицата Олда, жената на Салум, синот Текуев, синот Арасев, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го рекоа тоа, 15 таа им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Кажете му на човекот што ве испрати кај мене: 16 ”Господ вели вака: ‘Еве, ќе доведам несреќа врз овој град и врз неговите жители, ќе извршам сè што вели свитокот кого го прочита јудејскиот цар. 17 Зашто Ме оставија и им принесуваат жртви на туѓи богови за да Ме лутат со сите дела на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и нема да угасне.’”‘ 18 А на јудејскиот цар, кој ве испрати за Господов совет, речете му вака: ‘Вака вели Господ, Израелевиот Бог: „За зборовите што ги чу - 19 бидејќи ти смекна срцето, и зашто се понижи пред Господа откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, кои ќе ги погодат запустување и проклетство, и зашто ги раскина своите облеки и зашто плачеше пред Мене, затоа те послушав - слово е Господово. 20 Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот за да не ја видиш со свои очи сета несреќа што ќе ја доведам на ова место.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.
1 Тогаш царот испрати да се соберат кај него сите јудејски и ерусалимски старешини. 2 Царот потоа отиде во Господовиот Дом со Јудејците, со ерусалимците, со свештениците и пророците, и со сиот народ, од најмалиот до најголемиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот свиток на Заветот кој беше најден во Господовиот Дом. 3 Царот, стоејќи пред столбот, го обнови пред Господа Заветот дека ќе го следи Господа и дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, за да ги исполни сите слова на Заветот, запишани во овој свиток. Сиот народ стапи во Заветот. 4 Царот им нареди на првосвештеникот Хилкиј, на свештениците на вториот ред и на чуварите на храмскиот праг да ги изнесат од Господовото Светилиште сите богослужбени предмети што беа направени за Ваала и за Ашера и за сета небеска војска. Одреди да го изгорат сè тоа надвор од Ерусалим, во Кедронските Полиња, а пепелта ја однесе во Ветил. 5 Ги отстрани паганските свештеници кои јудејските цареви ги поставија за да кадат на високите места, во јудејските градови и во околината на Ерусалим; и оние кои што им кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на ѕвездите и на сета небеска војска. 6 Ја изнесе Ашера надвор од Ерусалим од Господовиот Дом, во Кедронската Долина, и ја спали во Кедронската Долина, ја здроби во прав, а правот го фрли на гробиштата на народните синови. 7 Ги разурна домовите на содомците, кои беа при Господовиот Дом и во кои жените и ткаеја облеки на Ашера. 8 Од сите јудејски градови ги доведе паганските свештеници и ги обессвети високите места каде тие кадеа, од Гева до Вит-Савеа. Потоа ги урна високите места пред вратата, оние што беа пред вратата на Исуса, управителот на градот, одлево кога и се приоѓа на градската врата. 9 Исто така свештениците на високите места не можеа да се искачуваат кон Господовиот жртвеник во Ерусалим, но јадеа бесквасни лебови меѓу своите браќа. 10 Го оскверни Тофет во долината Бен Еном, за да не може никој да го поминува својот син или ќерката низ оган во чест на Молох. 11 Ги отстрани коњите што јудејските цареви му ги принесоа на сонцето при влезот во Господовиот Дом, покрај собата на дворјанецот Натан Мелех, која се наоѓаше во близина, и ја изгоре во оган сончевата кола. 12 Жртвениците на покривот што ги беа изградиле јудејските цареви, и оние кои што ги изгради Манасиј во двата двора на Господовиот Храм, царот ги урна, ги отстрани оттаму и го фрли нивниот прав во Кедронскиот Поток. 13 Високите места што беа спроти Ерусалим, на јужниот дел на Маслиновата Гора, и кои и ги изгради израелскиот цар Соломон на Астарота, сидонска мерзост; на Хемус, моавски срам, и на Мелхом, гадот амонски - царот сите ги оскверни. 14 Ги скрши столбовите, ги откорна ашерите, и нивните места ги наполни со човечки коски. 15 Исто така и жртвеникот во Ветил, високото место што го изгради Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе Израел на грев, царот го разурна, ги обори жртвеникот и тоа високо место, ги сотре камењата во прав, ги спали ашерите. 16 А кога Јосиј се сврти и ги виде гробовите што беа таму на гората, испрати да ги соберат коските од оние гробови, и ги спали врз жртвеникот. Така го обессвети, извршувајќи го Господовото слово, кое го објави Божјиот човек (додека Јеровоам беше на жртвеникот за време на свеченоста). Откако се сврте, Јосиј фрли поглед врз гробот на Божјиот човек кој го објави сè тоа, 17 и праша: „Каков споменик е оној што го гледам?” Луѓето од градот му одговорија: „Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и кој го прорече сè тоа што го направи ти со ветилскиот жртвеник.” 18 ”Оставете го на мир - рече царот - и нека никој не ги допира неговите коски.” Така останаа неговите коски недопрени со коските на пророкот кој дојде од Самарија. 19 Јосиј уште ги разурна сите домови на високите места, што израелските цареви ги изградија по градовите на Самарија за да би Го гневеле Господа и направи со нив како што направи во Ветил. 20 Ги закла сите свештеници на високите места врз жртвениците; врз нив ги изгоре и човечките коски. Потоа се врати во Ерусалим. 21 Царот му нареди на сиот народ: „Празнувајте ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, според обичајот што е запишан во овој книжен свиток на Заветот.” 22 Таква Пасха не беше празнувана од времето на судиите кои што му судеа на Израел, и за сето време на израелските и јудејските цареви. 23 Само во осумнаесеттата година од царувањето на Јосиј беше празнувана таква Пасха во чест на Господа, во Ерусалим. 24 Освен тоа, сите бајачи и сите вражалци, сите домашни богови и кипови, и сите срамови што можеа да бидат видени во јудејската земја и во Ерусалим, сè тоа Јосиј отстрани за да ги изврши зборовите на Законот, запишани во книжниот свиток кој го најде Хилкиј, свештеник на Господовиот Дом. 25 Немаше пред него таков цар кој Му се обратил на Господа со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила, верен во сè на Мојсеевиот Закон, а ни по него му немаше рамен. 26 Сепак, Господ не се откажа од пламенот на Својот голем гнев со кој зовре против Јудејците заради сите предизвици со кои го лутеше Манасиј. 27 Господ одлучи: „Ќе ги отфрлам Јудејците од пред Себе, како што ги отфрлив Израелците; ќе ги отфрлам овој град што го избрав, Ерусалим, и Домот за кого реков: ‘Тука ќе биде Моето Име.’” 28 Другата Јосиева повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 29 Во негово време фараонот Нехаон, египетскиот цар, тргна против асирискиот цар, на реката Еуфрат. Царот Јосиј тргна пред него, ама тој го уби во Мегидон, при првата средба. 30 Неговите слуги му го пренесоа телото со кола од Мегидон, го префрлија во Ерусалим и го погребаа во неговата гробница. Сиот народ на земјата го прими Јоахаз, синот Јосиев; го помазаа и го прогласија за цар место неговиот татко. 31 На Јоахаза му беа дваесет и три години кога се зацари. Царуваше три месеци во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Амутала, ќерка Еремиева, од Ливна. 32 Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеа неговите татковци. 33 Фараонот Нехаон го фрли во окови во Ривала, на подрачјето на Емат, за да не владее во Ерусалим, и и наметна на земјата данок од сто таланти сребро и десет таланти злато. 34 Фараонот Нехаон го постави за цар Елијаким, синот Јосиев, на местото на неговиот татко Јосиј, и му го промени името во Јоаким. А Јоахаза го зеде и го одведе во Египет, каде тој умре. 35 Елијаким му даде на фараонот сребро и злато, ама и наметна данок на земјата, за да го собере износот што фараонот го бараше. Секому му наметна според неговата состојба, земаше сребро и злато што требаше да му го дава на фараонот Нехаон. 36 На Елијаким му беа дваесет и пет години кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим. На мајка му името и беше Зевуда, ќерка Федаева, и беше од Рума. 37 Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеа и неговите татковци.
1 Во негово време дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, и Елијаким му беше потчинет три години, потоа се побуни повторно против него. 2 Овој пак ги испрати против него халдејските ограбувачки чети, арамејските, моавските и амонските, сите ги испрати против Јудеја за да ја запустат, потврдувајќи го словото што Господ го беше објавил преку Своите слуги пророците. 3 Тоа и се случи на Јудеја според Господовата закана дека ќе ја истреби од пред Своето лице заради Манасиевите гревови: заради сè што направи Манасиј, 4 и заради невината крв што ја пролеа, го наполни Ерусалим со невина крв. Господ не сакаше да прости. 5 Другата Елијакимова повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? 6 Елијаким почина покрај своите татковци, а неговиот син Јоахин завладеа место него. 7 Египетскиот цар веќе не излегуваше од земјата, зашто вавилонскиот цар освои сè што му припаѓаше на египетскиот цар, од Египетскиот Поток до реката Еуфрат. 8 На Јоахин му беа осумнаесет години кога се зацари, и царуваше три месеци во Ерусалим. Името на мајка му и беше Неуста, ќерка Елнатанова, и беше од Ерусалим. 9 Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеше и неговиот татко. 10 Во она време тргнаа луѓето на вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим, и градот беше опколен. 11 Дојде и вавилонскиот цар Навуходоносор за да го нападне градот, додека неговите луѓе го опсадуваа. 12 Тогаш јудејскиот цар Јоахин излезе пред вавилонскиот цар: тој, неговата мајка, неговите слуги, неговите војсководачи и дворјаниците, а вавилонскиот цар го зароби. Тоа беше во осмата година на Навуходоносоровото царување. 13 Тој однесе сè од ризницата на Господовиот Дом и од ризницата на царскиот дворец, и ги скрши сите златни предмети што Соломон, царот на Израел, ги направи за Господовото Светилиште. Така се исполни Господовото слово. 14 Ги одведе на заточение сиот Ерусалим, сите полководци и сите смели борци, околу десет илјади заточеници, со сите ковачи и бравари. Единствено остана најбедниот народ на земјата. 15 Го одведе Јоахина во Вавилон; исто така и царевата мајка и сите цареви жени, неговите дворјанци, моќните на земјата, сите ги одведе од Ерусалим во пленство во Вавилон. 16 Сите способни луѓе, седум илјади, ковачите и браварите илјада на број; сите јунаци способни за бој, сите ги одведе вавилонскиот цар, во Вавилон, во пленство. 17 Вавилонскиот цар го постави за цар место Јоахина неговиот стрико Матаниј, но му го смени името во Седекија. 18 На Седекија му беа дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. Името на мајка му и беше Амутала, ќерка на Еремиј, а беше од Ливна. 19 Правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеше Јоахин. 20 Тоа им се случи на Ерусалим и Јуда заради Господовиот гнев; Господ конечно и ги отфрли од пред Своето лице. Седекија се побуни против вавилонскиот цар.
1 Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со својата војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи. 2 Градот остана опколен до единаесеттата година на Седекиевото царување. 3 Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таков глад што простиот народ немаше ни леб, 4 непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу двата ѕида над Царската Градина - Халдејците го имаа опколено градот - и тргнаа по патот кон Арава. 5 Халдејските чети тргнаа во потера по царот и го настигнаа во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега. 6 Халдејците го фатија и го одведоа во Ривла пред вавилонскиот цар, кој што му изрече пресуда. 7 Ги закла Седекиевите синови пред неговите очи, на Седекија му ги ископа очите, го окова во окови и го одведе во Вавилон. 8 Во седмиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим влезе Невузардан, заповедник на царската телесна стража и телохранител на вавилонскиот цар. 9 Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим. 10 Халдејските чети, под заповедникот на царските телохранители, ги разурнаа ѕидовите што го опкружуваа Ерусалим. 11 Невузардан, заповедникот на царските телохранители, го одведе на заточение Остатокот на народот што беше останал во градот, а исто така и бегалците при вавилонскиот цар и другиот свет. 12 Некои од сиромашните, заповедникот ги остави во земјата како лозари и земјоделци. 13 Халдејците ги скршија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море што беа во Господовиот Дом и бронзата ја однесоа во Вавилон. 14 Ги зедоа и грнчињата, лопатите, ножевите, садовите, и воопшто сиот бронзен прибор што беше употребуван во богослужбата. 15 Заповедникот ги зеде и кадилниците и прскалниците, воопшто сè што беше од злато и сребро, 16 два столба, едно море и подножјата, што Соломон даде да ги изработат за Господовиот Дом. Немаше мерка да се прецени колку беше бронзата во сите тие предмети. 17 Првиот столб беше висок осумнаесет лакти, имаше главче од бронза, високо три лакти; имаше мрежа наоколу и калинки, сè од бронза. Таков беше и вториот столб. 18 Началникот на телохранителите ги одведе свештеничкиот главатар Серај, вториот свештеник, Софониј, и тројцата чувари на прагот. 19 Од градот одведе еден дворјанец, војничкиот заповедник, пет луѓе од царската придружба кои се најдоа во градот, писарот на заповедникот на војската, кој собираше војска од народот, и шеесет луѓе од земниот народ кои се најдоа во градот. 20 Заповедникот на царската телесна стража ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла. 21 И вавилонскиот цар заповеда да ги погубат во Ривла, во Ематската Земја. Така го одведоа јудејскиот народ од неговата родна земја. 22 На народот што остана во јудејската земја и што го остави вавилонскиот цар Навуходоносор, им го постави овој за управител Годолиј, синот Ахикамов, внукот Сафанов. 23 Сите воени повелници и нивните луѓе научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Годолиј, и дојдоа пред него во Миспа: Нетаниевиот син Исмаил; Каријаевиот син Јоанан; синот Тануметов од Нетофат, Серај; синот Махатов Јазаниј - тие и сите нивни луѓе. 24 Годолиј им се заколна ним и на нивните луѓе, и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците; останете во земјата, бидете му потчинети на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.” 25 Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот Нетаниев, внукот Сафанов, внукот Елисамов, кој беше од царски род, и уште десет луѓе со нив, го убија Годолиј, та тој умре како и сите Јудејци и Халдејци кои беа со него во Миспа. 26 Тогаш сиот народ, од малиот до големиот, и сите заповедници на четите, станаа и отидоа во Египет, зашто се боеја од Халдејците. 27 Во триесет и седмата година откако е заточен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и седмиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил-Меродах во првата година на своето владеење го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темницата. 28 Разговараше со него љубезно и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со нив во Вавилон. 29 Јоахин ги смени своите темнички облеки и јадеше со царот покрај исти стол во текот на сиот свој век. 30 До крајот на неговиот живот вавилонскиот цар трајно, од ден во ден, му даваше издржување.
1 Адам, Сит, Енос, 2 Каинан, Малелеил, Јаред, 3 Енох, Матусал, Ламех, 4 Ное, Сим, Хам и Јафет. 5 Синови Јафетови: Гомер, Магог, Мадај, Јаван, Товел, Мосох и Тирас. 6 Гомерови синови: Асхенас, Рафат и Тогарма. 7 Јаванови синови: Елиса, Тарсис, Китим и Доданим. 8 Хамови синови: Хус, Мисраим, Фут и Ханан. 9 Хусови синови: Сава, Авила, Савата, Регма и Саватака; Регмини синови: Сава и Дедан. 10 На Хус му се роди Неврод, кој беше прв властодржец на земјата. 11 Од Мисраима потекнаа Лудејците, Анамејците, Леавејците, Нафтухејците, 12 Патрусејците и Хаслухејците, од кои што потекнаа Филистејците и Касторејците. 13 На Ханан му се родија Сидон, својот првенец, и Хет, 14 и Евусејците, Аморејците, Гергесејците, 15 Евејците, Асенејците, 16 Арвадејците, Самаријците и Аматејците. 17 Симови синови: Елам, Асур, Арфаксад, Луд, Арам, Уз, Ул, Гетер и Месех. 18 На Арфаксад му се роди Сала, а на Сала му се роди Евер. 19 На Евера му се родија два сина: на едниот името му беше Фалег, зашто во негово време се раздели земјата; името на неговиот брат беше Јоктан. 20 Од Јоктана се родија: Алмодад, Салеф, Асармот, Јарах, 21 Адорам, Узал, Дикла, 22 Евал, Авемаил, Сава, 23 Офир, Евил и Јовав. Сите тие беа Јоктанови синови. 24 Сим, Арфаксад, Сала, 25 Евет, Фалев, Рагав, 26 Серух, Нахор, Тара, 27 Аврам, односно Авраам. 28 Синови Аврамови: Исак и Исмаил. 29 Ова е нивното родословие: Исмаиловиот првенец Навајот, потоа Идар, Авдеило, Мивсам, 30 Мисма, Дума, Маса, Адад, Тема, 31 Јетур, Нафис и Кедма. Тие се Исмаилови синови. 32 Синови на Хетура, соложницата Аврамова: таа ги роди Земран, Јоксан, Мадан, Мадијан, Есвок и Суј. Јоксанови синови се: Сава и Дедан. 33 Мадијанови синови се: Гефа, Ефер, Енох, Авида и Елдага. Сите тие беа Хетуриини синови. 34 На Аврама му се роди Исак; Исакови синови беа: Исав и Израел. 35 Исавови синови беа: Елифас, Рагуил, Еус, Еглом и Кореј. 36 Елифасови синови беа: Теман, Омар, Софар, Готом, Кенез, Тимна и Амалик. 37 Рагуилови синови беа: Нахат, Зара, Сома и Моза. 38 Сирови синови беа: Лотан, Совал, Севегон, Ана, Дисон, Есер и Дисан. 39 Лотанови синови беа: Хориј и Емам; Лотанова сестра беше Тамна. 40 Сованови синови беа: Елан, Манахат, Евал, Сефиј и Онам. Севегонови синови беа: Аја и Ана. 41 Анин син беше Дисон, а Дисонови синови беа: Амрам, Асван, Итран и Харан. 42 Есерови синови беа: Валан, Заван и Јакан. Дисанови синови беа: Уз и Аран. 43 Еве ги царевите кои царуваа во Едомската Земја пред да ја завладее царот на Израелевите синови: Валак син Веоров; името на неговиот град беше Денава. 44 Кога умре Валак, на неговото место се зацари Јовав, синот Зарин од Восора. 45 Кога умре Јовав, на неговото место се зацари Асом од Теманската Земја. 46 А кога умре Асом, на неговото место се зацари Варадовиот син Адад, кој ги порази Мадијамците во Моавското Поле; името на неговиот град беше Авит. 47 Кога умре Адад, на неговото место се зацари Самада од Масекаса. 48 А кога умре Самада, на неговото место се зацари Саул од Ровот покрај Реката. 49 Кога умре Саул, завладеа Вал Енон, Аховоров син. 50 Кога умре Вал Енон, завладеа Адад; името на неговиот град беше Паи. Жена му се викаше Метевеила. Беше ќерка Матраидова од Ме Зовов. 51 Кога умре Адад, станаа кнезови во Едом: кнез Тамна, кнез Алва, кнез Јетет, 52 кнез Оливема, кнез Ила, кнез Финон, 53 кнез Кенез, кнез Теман, кнез Мивсар, 54 кнез Магдиел и кнез Ирам. Тоа беа едомски кнезови.
1 Еве ги Израелевите синови: Рувим, Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Завулон, 2 Дан, Јосиф и Венијамин, Нефталим, Гад и Асир. 3 Јудини синови: Ир, Авнан и Сила. Тие три му ги роди Хананка, ќерката Сувина. Ама Ир, Јудиниот првенец, беше лош во Господовите очи, и Господ го погуби. 4 Неговата невеста Тамара му ги роди Фарес и Зара. Вкупно беа пет Јудини синови. 5 Фаресови синови беа: Есрон и Амул. 6 Зариеви синови беа: Зимриј, Етан, Еман, Халкол и Дара, вкупно пет. 7 Хармиеви синови беа Ахан, кој му нанесе зло на Израел прекршувајки ја клетвата. 8 А син Етанов: Азариј. 9 Есронови синови, кои му се родија, беа: Ерамеил, Арам и Халев. 10 На Арама му се роди Аминадав, а на Аминадава му се роди Насон, кнез на Јудините синови. 11 На Насона му се роди Салмон, на Салмона му се роди Воз. 12 На Воза му се роди Овид, на Овида му се роди Есеј. 13 На Есеја му се родија: првенецот Елијав, вториот Авинадав, третиот Сама, 14 четвртиот Натанаил, петтиот Радај, 15 шестиот Осем, седмиот Давид. 16 Сестри им беа: Серуја и Авигеја. Серуини синови беа: Ависај, Јоав и Асаил, тројца. 17 Авигеја го роди Амаса, а Амасин татко беше Исмаилецот Јетер. 18 Есроновиот син Халев имаше со жената своја Азува и со Ериота синови, а синовите му беа: Есер, Совав и Ардон. 19 Кога умре Азува, Халев ја зеде за жена Ерата, и таа му го роди Ур. 20 На Ур му се роди Уриј, а на Уриј му се роди Веселеил. 21 Потоа Есрон ја зеде ќерката на Махир, Галадовиот татко; ја зеде за жена кога му беа шеесет години, и таа му го роди Сегув. 22 На Сегув му се роди Јаир, кој имаше дваесет и три града во Галадската Земја. 23 Ама Гесурејците и Арамејците ги освоија од нив Јаировите Села, Кенат со селата, шеесет градови. Сè тоа го освоија синовите на Махир, таткото Галадов. 24 Кога умре Есрон во Халев-Ерата, Есроновата жена Авија му го роди Асхор, таткото Текојанев. 25 Синови на Ерамеил, Есроновиот првенец, беа: Арам, па Вуна, Орен, Осем и Ахиј. 26 Ерамеил имаше и втора жена, се викаше Атара, која беше Онамова мајка. 27 Синови на Арам, Ерамеиловиот првенец, беа: Мас, Јамин и Екер. 28 Онамови синови беа: Самај и Јадај; Самаеви синови: Надав и Ависур. 29 Ависуровата жена се викаше Авихаила, која му ги роди Авана и Молида. 30 Надавови синови беа: Селед и Апаим, но Селед умре без деца. 31 Синови Апаимови беа: Есеј; Есееви синови: Сисан; Сисанов син: Алај. 32 Синови на Јадај, братот Самаев, беа: Етер и Јонатан; ама Етер почина без деца. 33 Јонатанови синови беа: Фалет и Заза. Тоа беа Ерамеилови синови. 34 Сисан немаше синови, туку ќерки; но Сисан имаше слуга Египетец по име Јарај. 35 Затоа Сисан му даде ќерка за жена на слугата Јарај, и таа му го роди Атаја. 36 На Атај му се роди Натан, на Натана му се роди Завад. 37 На Завада му се роди Ефлал, на Ефлала му се роди Овид; 38 на Овида му се роди Јуј, на Јуја му се роди Азариј, 39 На Азарија му се роди Хелис, на Хелиса му се роди Елаус; 40 на Елауса му се роди Сисамај, на Сисамаја му се роди Салум, 41 на Салума му се роди Екамиј, на Екамија му се роди Елисам. 42 Синови на Халев, братот Ерамеилов, беа: неговиот првенец Миса, таткото Зифеев, синови на таткото на Мариса беа: Хеврон. 43 Хевронови синови: Кореј, Тафуј, Рекем и Сема. 44 На Сема му се роди син Рама, таткото Јоркоамов, а на Рекама му се роди Самај. 45 Самаев син беше Маон, а Маон му беше татко на Вет-Суров. 46 Гефа, Халевовата соложница, ги роди Харан, Моса и Газес; на Харана му се роди Газес. 47 Јадееви синови беа: Регем, Јотам, Гисам, Фелет, Гефа и Сагаф. 48 Маха, соложницата Халевова, ги роди Север и Тирхан. 49 Ги роди Сагаф, таткото Мадманиев, Сева, таткото Махвинов и таткото Гаваев; а Халевова ќерка беше Ахса. 50 Тоа беа Халевови синови. А синови на Ор, првенецот Ефратиев: Совал, татко Киријат-Јаримов, 51 Салма, татко Витлеемов, и Ареф, татко Вет-Гадеров. 52 А синовите на Совал, таткото Киријат-Јаримов: Арој, и половина од Манахатците. 53 Киријат-Јаримовските семејства беа: Етерците, Футците, Суматците и Мисрајците; од нив потекнаа Сарајците и Естаолците. 54 Салмини синови се: Витлеем, Нетофатците, Атарот, Вет Јоав и половина од Манахатци, Сарајци. 55 Сеферијците (книжевнички семејства) кои живееја во Јавис беа: Тиратците, Симеатците, Сухатците. Тоа се Кенејците кои потекнаа од Емат, таткото на домот Рихавов.
1 Ова се Давидовите синови кои му се родија во Хеврон: првенецот Амнон од Езраелката Ахиноама, вториот Даниел од Карамилката Авигеја, 2 третиот Авесалом, син на Мака, ќерка на Талјам, гесурски цар, четвртиот Адониј, син Агитин, 3 петтиот Сефатиј од Авитала, шестиот Итрам од неговата жена Егла. 4 Шест синови му се родија во Хеврон, каде царуваше седум години и шест месеци; а триесет и три години царуваше во Ерусалим. 5 Овие синови му се родија во Ерусалим: Самај, Совав, Натан и Соломон; четворица од Вит-Савеа, ќерката Амилова. 6 Евар, Елисам, Елифалет, 7 Нога, Нефег, Јафиј, 8 Елисам, Елијад, Елифелет, девет. 9 Сите Давидови синови освен соложничките синови и нивната сестра Тамара. 10 Соломонов син беше Ровоам, негов син Авниј, негов син Аса, негов син Јосафат, 11 негов син Јорам, негов син Охозиј, негов син Јоса, 12 негов син Амасиј, негов син Азариј, негов син Јотам, 13 негов син Ахас, негов син Езекиј, негов син Манасиј, 14 негов син Амон, негов син Јосиј. 15 Јосиови синови беа: првенецот Јоанан, вториот Јоаким, третиот Седекиј, четвртиот Салум. 16 Јоакимови синови беа: Јехониј, негов син, и Седекија, негов син. 17 Син на Јехониј беше: Асир, Салатил негов син, 18 Малхирам, Федај, Сенасар, Јекамиј, Осам и Недавиј. 19 Фадееви синови беа: Зоровавел и Симеј; Зоровавелови синови: Месулам и Ананиј, и сестра им Селомета. 20 Асува, Оел, Варахиј и Јуса-Весед, нив петмина. 21 Ананиеви синови беа: Фелатиј и Јесај, Рефаеви синови, Арнанов син, Овадиев син, Сеханиев син. 22 Сеханиеви синови беа: Сематиј, а Сематиеви синови беа: Хатус, Игеал, Вариј, Неариј и Сафат, шестмина. 23 Неариеви синови беа: Елиоенај, Езекиј и Азрикам, тројца. 24 Елиоенаеви синови беа: Одај, Елиасиф, Фелај, Акув, Јоанан, Далај и Анан, седуммина.
1 Јудини синови беа: Фарес, Есрон, Хармиј, Ор и Совал. 2 На Соваловиот син Реај му се роди Јат, а на Јата му се родија Ахумај и Лад. Тоа се Саратските родови. 3 Ова се синовите од таткото Итам: Езраел, Есма и Едвас, а името на нивната сестра и беше Аселелфонија. 4 Фануил му беше татко на Гедор, а Есер му беше татко на Хус. Тоа беа синови на Ор, првенецот на Ефрат, таткото на Витлеем. 5 А таткото на Текуј, Асхор, имаше две жени, Ела и Нара. 6 Нара му ги роди: Ахузам, Ефер, Теман и Ахастар. Тоа се Нарините синови. 7 Елини синови беа: Серед, Јесоар и Етнан. 8 На Кос му се родија Анув и Совив и семејствата на Арумовиот син Ахарил. 9 Јавис беше пославен од своите браќа, и мајка му го нарече Јавис, велејки: „Го родив со болка.” 10 Јавис Го повика Израелевиот Бог говорејќи: „Ако ме благословуваш навистина, прошири го моето подрачје, Твојата рака нека биде покрај мене и запази ме од злото, за да не се измачувам!” Бог го исполни тоа за што Му се молеше. 11 На Суевиот брат Хелув му се роди Мехир; тој беше Естонов татко. 12 Од Естона потекнаа Вет-Раф, Фесеј и Техин, таткото на Ир Нас. Тоа се Рихавови луѓе. 13 А Кенезови синови беа: Готонил и Серај. Готонилови синови: Атат и Меонот. 14 На Меонота му се роди Офра; на Сераја му се роди Јоав, таткото на оние кои што живеат во Долината на Ракотворците, зашто беа дрводелци. 15 Синови на Ефониевиот син Халев беа: Ир, Ила и Нам; Илин син беше Кенез. 16 Јалелеилови синови беа Зиф, Зифа, Тириј и Асареил. 17 Езрини синови: Етер, Меред, Ефер и Јалон; на Етера му се родија Маријама, Самај и Есва, таткото на Естемој. 18 Неговата жена Јудејка ги роди: Јеред, татко Гедоров, Евер, татко Сохов, и Екутил, татко Заноев. Тоа беа синови на Витија, фараоновата ќерка која ја зеде за жена Меред. 19 Синови на Одиевата жена, сестрата на Нам, таткото Келиев, беа: Симон, татко на Гармиецот Јомам, и Махатецот Естемој. 20 Симонови синови беа: Амнон, Рина, Вен-Анан и Тилон. Есеови синови: Зохет и Вен-Зохет. 21 Синови на Јудиниот син Сила беа: Ир, таткото Лихин, Лада, таткото Марисин, и семејствата на платнарската куќа во Вет Асвеин; 22 Јоким и луѓето од Хасива Јоас и Сараф, кои владееја над Моав и се вратија во Витлеем. Но тоа се стари настани. 23 Тоа беа грнчари кои живееја во Нетаим и во Гедера кај царот и беа таму вработени кај него. 24 Симеонови синови беа: Немуил, Јамин, Јарив, Зера и Саул. 25 Негов син беше Салум, а негов син е Мивсам, негов син Мисма. 26 Мисмини синови беа: Амуил, син му, и неговиот син Захур, и неговиот син Симеј. 27 Симеј имаше шеснаесет синови и шест ќерки; неговите браќа немаа многу синови, и сите нивни семејства не беа толку многу колку Јудините синови. 28 Живееја во Вир-Савеја, во Молада и во Асар-Саул, 29 во Вала, во Асем, во Толад, 30 во Ветуил, во Орма, во Сиклаг, 31 во Вет-Мархавот, во Асар-Сусим, во Вет-Виреја и во Сараим. Тоа беа нивни градови до Давидовото царување. 32 А нивни населби беа: Итам и Аин, Римон, Тохен и Асан, пет градови. 33 И сите нивни населби што беа околу тие населби до Вал. Тоа беа нивните станови и нивните племенски родословија. 34 Месовав, Јамлих и Амасиевиот син Јоса, 35 Јоил и Јуј, синот Јосивиев, син на Серај, синот Асилов, 36 Елиоинај, Јаков, Јесохај, Асај, Адил, Есимил и Венај, 37 Зиса, синот Сифиин, син Алонов, син Едаев, син Симриев, син Семаин. 38 Тие именуваните им беа старешини на своите родови, и нивните семејства се размножија многу. 39 Затоа отидоа до Гедор до источната страна на долината за да бараат пасиште за своите стада. 40 Најдоа изобилно и добро пасиште, и широка, безбедна и мирна земја. Бидејќи пред тоа таму живееја Хамовите потомци, 41 Симеоновците, запишани по име, нападнаа во времето на јудејскиот цар Езекија та ги разбија нивните шатори и нивните засолништа. И ги истребија засекогаш, и се населија на нивно место, зашто таму беа пасиштата за нивните стада. 42 Тогаш некои од оние што им припаѓаа на Симеоновите синови, нив пет стотини, излегоа на планината Сир, на чело со Фелатиј, Неариј, Рефај и Озил, Есееви синови. 43 И го погубија Остатокот што беше избегал од Амаликците и се населија таму до денешниот ден.
1 Синови на Израелевиот првенец Рувим. Тој навистина беше првенец, ама кога ја онечисти татковата постела, неговото право за првенство им беше дадено на синовите на Израелевиот син Јосиф, но не им беше запишано во родословието, 2 зашто Јуда надвладеа меѓу браќата, а од него се роди кнез. Сепак правото на првенство му припадна на Јосифа. 3 Синови на Израелевиот првенец Рувим беа: Анох, Фалуј, Есрон и Хармиј. 4 Јоилови синови: неговиот син Семај, негов син Гог, негов син Симеј, 5 негов син Миха, негов син Реај, негов син Вал, 6 негов син Веир, кого го одведе во ропство асирискиот цар Телгат-Фелнасар; тој беше поглавар на Рувимовото племе. 7 На неговите браќа, по семејства, кога се запишаа во племенското родословие по поколенија, главатар им беше Еил, Захариј, 8 Вела, синот Азазов, син Семин, син Јоилов. Тој живееше во Ароир и до Нева и до Вал Меон. 9 Кон исток неговата земја се простираше до влезот во пустината од реката Еуфрат, зашто добитокот му се намножи во Галадската Земја. 10 Во Сауловото време војуваа со Агарјанците, кои загинаа од нивната рака; така се населија во нивните шатори по сето источно подрачје од Галад. 11 Гадовите синови живееја близу до нив во Васанската Земја до Салха. 12 Јоел беше главатар, а втор Сафан, па Јанај и Сафат во Васан. 13 Нивни браќа по своите родови им беа: Михаил, Месулам, Сева, Јорај, Јахан, Зиј и Евер, седуммина. 14 Тоа беа синови на Авихаил, синот Уриев, син на Јарој, син на Галад, син на Михаил, син на Јесисај, син на Јадон, син на Вуз. 15 Ахиј, синот на Авдил, синот Гуниев, беше главатар на нивниот род. 16 Живееја во Галад и во нивните селца, та по сите саронски пасишта до нивните краишта. 17 Сите беа запишани во племенскиот родословник за време на јудејскиот цар Јотам и за време на израелскиот цар Јеровоам. 18 Рувимови и Гадови синови, и половина на Манасиевото племе, храбри јунаци кои носеа штит и меч, та оптегнуваа лак и беа вешти во бој, беа четириесет илјади и седум стотини и шеесет војници. 19 Војуваа против Агарјанците, Етурејците, Нафисејците и Нодавејците. 20 Во бојот извикаа кон Господа, и Тој ги послуша, зашто се надеваа во Него: беа помогнати против непријателите, та им беа предадени во рацете Агарјанците со сите нивни сојузници. 21 Го запленија нивниот добиток, педесет илјади камили и двеста и педесет илјади овци и кози, и две илјади магариња и одведоа во ропство сто илјади луѓе. 22 Мнозина паднаа загинати, зашто тој бој беше од Бога; тогаш се населија на нивното место до преселувањето. 23 Синовите од половината Манасиево племе се населија во таа земја од Васан до Вал-Ермон и до Сенир и до Ермонската Гора и се беа намножиле. 24 Овие беа главатари на нивните родови: Ефер, Јесеј, Ели, Азрил, Еремиј, Одавиј и Јадил, храбри јунаци и угледни мажи: главатари во своите родови. 25 Но кога Му изневерија на Бога на своите татковци и и се предадоа на прељубата со боговите на народите на онаа земја, кои Бог ги откорна пред нив, 26 Израелевиот Бог ги разбуди непријателството на асирискиот цар Фула и непријателството на асирискиот цар Телгат-Фелнасар. Тие ги одведоа во ропство Рувимовото и Гадовото племе и половина од Манасиевото племе. Ги доведоа во Ала, во Авор и покрај Гозанската Река до денешниот ден.
1 Левиеви синови беа: Гирсон, Каат и Мерариј. 2 Каатови синови: Амрам, Исар, Хеврон и Озил. 3 Амрамови чеда: Арон, Мојсеј и Мирјама. Аронови синови: Надав и Авијуд, Елеазар и Итамар. 4 На Елеазар му се роди Финес, на Финес му се роди Ависуј; 5 на Ависуј му се роди Вукиј, на Вукиј му се роди Озиј, 6 на Озиј му се роди Зерај, а на Зерај му се роди Марајот. 7 На Марајота му се роди Амариј, на Амарија му се роди Ахитов; 8 на Ахитова му се роди Садок; на Садока му се роди Ахимас; 9 на Ахимаса му се роди Азариј, на Азарија му се роди Јоанан; 10 На Јоанана му се роди Азариј, кој беше свештеник во Храмот што го изгради Соломон во Ерусалим. 11 На Азарија му се роди Амариј; на Амарија му се роди Ахитов; 12 а на Ахитова му се роди Садок, на Садока му се роди Салум; 13 на Салума му се роди Хелкиј, на Хелкија му се роди Азариј; 14 на Азарија му се роди Јоседек. 15 Јоседек отиде кога Господ ги одведе на заточение Јуда и Ерусалим преку Навуходоносоровата рака. 16 Левиеви синови беа: Гирсон, Каат и Мерариј. 17 Еве ги имињата на Гирсоновите синови: Ловениј и Симеј. 18 Каатови синови беа: Амрам, Исар, Еврон и Озил. 19 Мерариеви синови: Молиј и Мусиј. Ова се родовите на Левиевците според своите татковци. 20 Од Гирсон: син му Левениј, неговиот син Јат, негов син Зима, 21 негов син Јоах, негов син Идо, негов син Зера, негов син Етрај. 22 Катови синови: син му Аминадав, неговиот син Кореј, негов син Асир, 23 негов син Елкана, негов син Евијасаф, 24 негов син Тахат, негов син Урил, негов син Озиј, негов син Саул. 25 Елканини синови: Амасај и Ахимот; 26 негов син Елкана, негов син Суфиј, негов син Махат; 27 негов син Елијав, негов син Јероам, негов син Елкана. Елканини синови: 28 Самоил, негов првенец, вториот Авиј. 29 Мерариеви синови: Молиј, неговиот син Симеј, негов син Уза, 30 негов син Симај, негов син Агиј, негов син Асаја. 31 Ова се оние кои ги постави Давид за да се грижат за пеење во Господовиот Дом кога Ковчегот го најде таму своето почивалиште; 32 оние кои служеа пред Престојувалиштето пред Шаторот на средбата, пеејќи, додека Соломон не го изгради Господовиот Дом во Ерусалим, и кои ја вршеа службата според пропишан редослед. 33 Еве ги оние кои ја вршеа службата и нивните синови: од Каатовите синови: пејачот Еман, синот на Јоел, син на Самоил, 34 син на Елкана, син на Јероам, син на Елил, син на Тоја, 35 син на Суфа, син на Елкана, син на Мат, син на Амасај, 36 син на Елкана, син на Јоил, син на Азариј, син на Софониј, 37 син на Тахат, син на Асир, син на Авијасаф, син на Кореј, 38 син на Исар, син на Каат, син на Левиј, синот Израелев. 39 Брат му Асаф стоеше од десната страна; Асаф му беше син на Варахиј, синот на Симеј, 40 син на Михаил, син на Васиј, син на Малхиј, 41 син на Етниј, син на Зера, син на Адај, 42 син на Етан, син на Зима, син на Симеј, 43 син на Јат, син на Гирсон, синот Левиев. 44 Мерариевите синови, нивните браќа, му стоеја од левата страна: Етан, синот на Кисиј, син на Авдиј, син на Малух, 45 син на Асавиј, син на Амасиј, син на Хелкиј; 46 син на Амасиј, син на Ваниј, син на Самир, 47 син на Молиј, син на Мусиј, син на Мерариј, синот Левиев. 48 Нивните браќа левити беа поставени за секаква служба во Шаторот на Божјиот Дом. 49 Арон и неговите синови принесуваа жртви паленици и врз кадилниот жртвеник, извршувајќи ја сета работа во Светината над светините и вршејќи го обредот за очистување од сè над Израел, според сè што заповеда Божјиот слуга Мојсеј. 50 Ова се Ароновите синови: син му Елеазар, неговиот син Финес, негов син Ависуј, 51 негов син Вукиј, негов син Озиј, негов син Зерај, 52 негов син Мерајот, негов син Амариј, негов син Ахитов, 53 негов син Садок, негов син Ахимас. 54 Ова се нивните живеалишта според населбите во нивното подрачје: на Ароновите синови од Каатовото семејство - зашто ним им падна жрепката - 55 им го дадоа Хеврон во Јудејската Земја со пасиштата околу него. 56 Градското Поле и неговите села му ги дадоа на Ефрониевиот син Халев. 57 И така, им ги дадоа на Ароновите синови градовите - прибежишта Хеврон и Ливна со пасиштата, Јатир и Естемој со пасиштата, 58 Илон со пасиштата, Девир со пасиштата, 59 Асан со пасиштата и Вет-Семес со пасиштата. 60 Од Венијаминовото племе: Гаваја со пасиштата, Алемат со пасиштата и Анатот со пасиштата; и така тринаесет градови според нивните родови. 61 На другите Каатови синови според племенските родови им паднаа со жрепка десет градови од половината Манасиево племе. 62 На Гирсоновите синови според нивните родови им припаднаа тринаесет градови од Исахаровото племе, од Асировото племе, од Нефталимовото племе и од Манасиевото племе во Васан. 63 На Мерариевите синови според нивните родови им припаднаа со жрепка дванаесет градови од Рувимовото племе, од Гадовото племе и од Завулоновото племе. 64 Така Израелевите синови им ги дадоа на левитите тие градови со пасиштата. 65 Ги дадоа со жрепка, од племето на Јудините синови, од племето на Симеоновите синови и од племето на Венијаминовите синови, тие градови кои се спомнати по име. 66 На оние кои беа од родовите на Каатовите синови, та добија со жрепка градови од Ефремовите племиња, 67 им ги дадоа како градови - прибежишта Сихем со пасиштата во Ефремовата Гора и Гезер со пасиштата, 68 Јокмеам со пасиштата, Вет-Орон со пасиштата, 69 Ејалон со пасиштата и Гат-Римон со пасиштата. 70 Од половината Манасиево племе им ги дадоа на родовите на другите Каатови синови: Анир со пасиштата и Вилеам со пасиштата. 71 На Гирсоновите синови синови им ги дадоа од родовите на половината Манасиево племе Голан во Васан со пасиштата и Астарот со пасиштата. 72 Од Исахаровото племе Кедес со пасиштата, Даврат со пасиштата, 73 Рамот со пасиштата и Аним со пасиштата. 74 Од Асировото племе Масал со пасиштата, Авдон со пасиштата, 75 Хукок со пасиштата и Реов со пасиштата. 76 Од Нефталимовото племе Кедес во Галилеја со пасиштата, Амон со пасиштата и Киријатаим со пасиштата. 77 На другите Мерариеви синови им ги дадоа од Завулоновото племе Римон со пасиштата и Тавор со пасиштата. 78 Од онаа страна на Јордан, спроти Ерихон, на источната страна на Јордан, им ги дадоа од Рувимовото племе Восор во пустината со пасиштата, Јасу со пасиштата, 79 Кедимот со пасиштата и Мифат со пасиштата. 80 Од Гадовото племе Рамот во Галад со пасиштата, Маханаим со пасиштата, 81 Есевон со пасиштата и Јазир со пасиштата.
1 Исахарови синови беа: Тола и Фуја, Јасув и Симрон, нив четворица. 2 Толини синови: Озиј, Рефај, Ерил, Јамај, Евсам и Самоил, главатари на татковскиот дом на Тола, храбри јунаци подредени според сродство; во Давидово време ги имаше на број дваесет и две илјади и шест стотини. 3 Озиеви синови: Израј, Израеви синови: Михаил, Овадиј, Јоил и Есиј, вкупно пет поглавари. 4 Со нив според сродните семејства беа во воени чети за војна триесет и шест илјади луѓе, зашто имаа многу жени и синови. 5 Нивните браќа, по сите Исахарови родови, храбри јунаци, беа вкупно осумдесет и седум илјади, и сите беа запишани во племенските родословници. 6 Венијаминови синови: Вела, Вехер и Едијаил, тројца. 7 Велини синови: Есвон, Озиј, Озил, Еримот и Ириј, пет семејни главатари, храбри јунаци; во племенскиот попис беа запишани дваесет и две илјади и триесет и четири. 8 Вехерови синови: Земир, Јоас, Елиезер, Елијоенај, Амриј, Еримот, Авиј, Анатот и Аламер, сите Вехерови синови. 9 Во племенскиот попис по колена, по семејни главатари, храбри јунаци, беа запишани дваесет илјади и двеста. 10 Едијаилови синови: Валан, Валанови синови: Јеус, Венијамин, Ехуд, Ханан, Зитан, Тарсис и Ахисар. 11 Сите Едијаилови синови по семејните главатари, храбри јунаци, беа седумдесет и две илјади и двеста, сè способни за војна. 12 Суфеј и Упеј. Синови Ирови: Усеј; негов син Ахир. 13 Нефталимови синови: Јасил, Гунуј, Есер и Салум, Валини синови. 14 Манасиеви синови: Азрил, кого го роди Манасиевата соложница Арамејка; таа го роди и Махир, таткото Галадов. 15 Махир се ожени од Уфеј и од Суфеј, сестра им се викаше Мака; името на другиот му беше Салпад, а Салпад имаше ќерки. 16 Махировата жена Мака роди син, кому му го даде името Фарес. На брат му му го даде името Серес, а негови синови беа Улам и Ракем. 17 Уламов син: Ведан. Тоа се синовите на Галад, синот Махиров, синот Манасиев. 18 Неговата сестра Амолекета ги роди: Исуд, Авиезер и Мала. 19 Семидини синови беа: Ахијан, Сихем, Лихиј и Анијам. 20 Ефремови синови: Сутал, неговиот син Веред, негов син Тахат, негов син Елеад, негов син Тахат, 21 негов син Завад, негов син Сутал, Есер и Елеад. Нив ги убија галадските граѓани, родени во земјата, зашто слегоа да им го одземат добитокот. 22 Затоа нивниот татко Ефрем тажеше долго време, а браќа му одеа да го утешуваат. 23 Тогаш влезе при својата жена, и таа забремени и роди син, а тој му даде име Верија, зашто несреќата се случи во неговата куќа. 24 Ќерка му беше Сера, која ги изгради Долниот и Горниот Вет Орон и Узен-Сера. 25 Син му беше Рефа, и Ресеф, неговиот син Тела, негов син Тахан, 26 негов син Ладан, негов син Амијуд, негов син Елисам, 27 негов син Нон, негов син Исус. 28 Нивен имот и нивните населби беа: Ветил и неговите села, кон исток Наран, кон запад Гезер и неговите села до Газа со нејзините села. 29 Во рацете на Манасиевите синови беа Вет-Сан со своите села, Танах со своите села, Мегидон со своите села, Дор со своите села. Во нив живееја синовите на Израеловиот син Јосиф. 30 Асирови синови беа: Емна, Есва, Есвај и Верија, и нивната сестра Сера. 31 Вериини синови: Евер и Малхил, тој беше Верзавитов татко. 32 Евер им стана татко на Јафлит, Сомир, Хотам и на нивната сестра Суја. 33 Јафлитови синови беа: Фасах, Вимал и Асват; тоа беа Јафлитови синови. 34 А синови на неговиот брат Сомир: Рога, Јехув и Арам. 35 Синови на неговиот брат Елем: Софа, Емна, Селис и Амал. 36 Софини синови: Суја, Арнефер, Согал, Вериј, Емра, 37 Восор, Од, Сама, Силиса, Итран и Веира. 38 Етерови синови: Ефониј, Фиспа и Ара. 39 Улини синови: Арах, Анил и Рисија. 40 Сите овие беа Асирови синови, семејни главатари, одбрани храбри јунаци, поглавари меѓу кнезовите; кога беа запишани, беа дваесет и шест илјади во воени чети.
1 На Венијамина му се роди првенецот Вела, вториот Асвил, третиот Ара, 2 четвртиот Ное и петтиот Рафа. 3 Велини синови беа: Адар, Гира, Авијудов татко, 4 Ависуј, Наман, Ахој, 5 Гира, Сефуван и Урам. 6 Тие беа Ехудови синови и им беа семејни главатари на оние кои живееја во Гаваја, откаде ги одведоа во ропство во Манахат; 7 Наман, Ахиј и Гира; тој ги водеше во ропство, а му се родија Уза и Ахијуд. 8 Сараим, откако ги остави жените Усима и Вара, доби синови во Моавското Поле: 9 со својата жена Одеса ги имаше синовите: Јовав, Сивиј, Миса, Малхам, 10 Јеус, Сахиј и Мирма; тоа беа неговите синови, семејни главатари. 11 Со Усима му се родија Авитов и Елфал. 12 Елфалови синови беа: Евер, Мисам и Самед; тој ги изгради Онон и Лод со нивните села. 13 Потоа Вериј и Сем. Тие им беа семејни главатари на оние кои живееја во Еалон и кои ги истераа гатските жители. 14 Ахио, Сасак, Јеремот, 15 Зевадиј, Арад, Адер, 16 Михаил, Еспа и Јоха беа Вериини синови. 17 Зевадиј, Месулам, Езекиј, Евер, 18 Исмерај, Езлиј и Јовав беа Елфалови синови. 19 Јаким, Зихриј, Завдиј, 20 Елинај, Зилтај, Елил, 21 Адај, Вераја и Симрат беа Семиеви синови. 22 Авдон, Зихриј, Анан, 23 24 Ананиј, Елам, Антотиј, 25 Ефедиј, Фануил беа Сасакови синови. 26 Самсерај, Сеариј, Готолиј, 27 Јаресиј, Илија и Зихриј беа Јеровоамови синови. 28 Тоа беа главатарите на семејствата подредени по колена. Живееја во Ерусалим. 29 Во Гаваон живееја: прататкото Гаваон, чија жена се викаше Мака. 30 Негов син првенец беше Авдон, па Сур, Ис, Вал, Надав, 31 Гедор, Ахиј, Зехер, 32 и Миклот, кому му се роди Симеј; па и тие живееја кај своите браќа во Ерусалим, заедно со своите браќа. 33 На Нир му се роди Кис, а на Киса му се роди Саул, на Саула му се родија: Јонатан, Малки-Суа, Авинадав и Есвал. 34 Јонатанов син беше Мери-Вал; на Мери-Вала му се роди Миха. 35 Михини синови беа: Фитон, Мелех, Тареј и Ахаз. 36 На Ахаза му се роди Јоад; на Јоада му се родија Алемет, Азмавет и Зимриј; на Зимрија му се роди Моса. 37 На Моса му се роди Винеј, чиј син беше Рафа, а негов син Елеас, негов син Асил. 38 Асил имаше шест синови, на кои имињата им се: Азрикам, неговиот првенец, Вохеру, Исмаил, Сеариј, Овадиј и Анан; сите тие беа Асилови синови. 39 Синови на неговиот брат Исек беа: Улам, неговиот првенец, вториот Еус, третиот Елифелет. 40 Уламовите синови беа храбри јунаци, кои оптегнуваа лак и имаа многу синови и внуци, сто и педесет. Сите тие беа од Венијаминовите синови.
1 Сите Израелци беа запишани во племенските родословници, а запишани се и во книжниот свиток на израелските цареви. А Јудејците заради беззаконија беа одведени на заточение во Вавилон. 2 Први жители на свој имот и во свои градови беа Израелците, свештениците, левитите и Нетинците. 3 Во Ерусалим живееја луѓе од Јудините синови, од Венијаминовите синови, од Ефремовите синови и од Манасиевите синови, и тоа: 4 Гутај, синот на Амијуд, син на Амриј, син на Имриј, син на Вениј, првенец, со своите синови. 5 6 Од Зериевите синови: Јеуил и неговите браќа, шест стотини и девеесет. 7 Од Венијаминовите синови Салуј, синот на Месулам, син на Одуј, Асенуинин син; 8 Евниј, Јеровоамов син, и Ила, синот на Озиј, син на Махриј, и Месулам, син на Сефатиј, син на Рагуил, син Ивниин, 9 Имаа по своите родови девет стотини педесет и шест браќа. Сите тие беа главатари, секој на својот род. 10 Од свештениците: Едај, Јојарив и Јахин, 11 Азариј, синот Хелкиев, син на Месулам, син на Садок, син на Мерајот, син Ахитов, настојник во Божјиот Дом. 12 Адај, син Јеровоамов, син на Пасхор, син на Малхиј, син на Масај, син на Адил, син на Јазир, син на Месулам, син на Месилемит, син Имиров. 13 Нивните браќа, глави на семејства, борци кои извршуваа служба во Божјиот Дом, беа илјада осум стотини и шеесет. 14 Од левитот Семај, синот Асув, син на Азрикам, син на Асавиј, меѓу Мерариевите синови; 15 Ваквакар, Ерес, Галал и Матаниј, син на Миха, син на Зихриј, синот Асафов; 16 Овадиј, син на Семај, син на Галал, син Едутунов, и Варахиј, синот на Аса, Елканиниот син, кој живееше во Нетофатските Села. 17 Вратари: Салум, Акув, Талмон и Ахиман, и нивните браќа; Салум беше главатар; 18 и досега беше при царската врата кон исток. Тие беа вратари по четири на левитите. 19 Салум, синот Кореев, син на Евијасаф, син на Кореј, со своите браќа Кореевците од нивните семејства, беа одговорни за богослужбата; тие ги чуваа праговите на Шаторот, додека нивните татковци го чуваа влезот во Господовиот Стан. 20 Елеазаровиот син Финес некогаш беше настојник над нив (Господ беше со него!). 21 Меселемииниот син Захариј беше вратар при вратата на Шаторот на средбата. 22 Сите одбрани вратари на праговите беа двеста и дванаесет. Беа запишани во родословниците на своите села. На служба ги поставија Давид и гледачот Самоил заради нивната верност. 23 Тие и нивните синови чуваа стража при вратите на Господовиот Дом, Домот на Шаторот. 24 Вратарите стоеја на четири страни: на исток, на запад, на север и на југ. 25 Нивните браќа од по селата доаѓаа одвреме навреме за да им се придружат по седум денови. 26 Само четири вратарски настојници беа постојано во служба. Беа левити, поставени над собите и над ризниците на Божјиот Дом. 27 Ноќеваа околу Божјиот Дом, зашто должноста им беше да стражарат и да отклучуваат секое утро. 28 Некои од нив беа одговорни за богослужбените посатки. Ги пребројуваа кога ги внесуваа и кога ги изнесуваа. 29 Некои од нив се грижеа за покуќнината, за сите посветени работи, за чистото брашно, за виното, за маслото, за темјанот и за мирисите; 30 а некои од свештеничките синови правеа маст од тие мириси. 31 Мататиј, еден од левитите, првенец на Салум Кореецот, се грижеше за работите што се печеа во сад за пржење. 32 Некои од Каатовците, од нивните браќа, беа одговорни за лебовите што се поставуваа секоја сабота. 33 Тие беа и пејачи, главатари на левитските семејства. Кога беа слободни живееја во храмските соби, зашто беа на должност дење и ноќе. 34 Тоа беа главатари на левитските семејства според своето сродство. Тие главатари живееја во Ерусалим. 35 Во Гаваон живееја: Гаваоновиот татко Ехил, на чија жена името и беше Мака. 36 Син првенец му беше Авдон, па Сур, Ис, Вал, Нир, Надав, 37 Гедор, Ахиј, Захариј и Миклот. 38 На Миклота му се роди Симеам. И тие живееја во Ерусалим, со своите браќа. 39 На Нира му се роди Кис; а на Кис му се роди Саул; на Саула му се роди Јонатан, Малхи-Суј, Авинадав и Есвал. 40 Јонатанов син беше Мери-Вал. На Мери-Вала му се роди Миха. 41 Михини синови беа: Фитон, Мелех, Тереј и Ахаз. 42 На Ахаза му се роди Јара; на Јара му се родија Алемет, Азмавет и Зимриј; на Зимрија му се роди Моса. 43 На Моса му се роди Винеј; негов син беше Рафај, негов син Елеас, негов син Асил. 44 Асил имаше шест синови, на кои имињата им се: Азрикам, Вохеруј, Исмаил, Сеариј, Овадиј и Анан; тоа се Асилови синови.
1 Филистејците завојуваа против Израелците. Израелците избегаа пред нив и паѓаа убивани по гората Гелвуј. 2 Филистејците ги притиснаа Саула и неговите синови, и ги погубија Сауловите синови Јонатана, Авинадава и Мелхи-Суа. 3 Бојот стана пожесток околу Саула. Го изненадија стрелци со лакови, и тој падна ранет од стрелците. 4 Тогаш Саул му рече на својот оруженосец: „Извлечи го својот меч и прободи ме, за да не дојдат тие необрежанци и за да не ми се наругаат.” Ама неговиот оруженосец се исплаши и не сакаше да го направи тоа. Затоа Саул го зеде мечот и се фрли врз него. 5 Кога оруженосецот виде дека Саул почина, и тој се фрли врз својот меч и умре. 6 Така во оној ден загинаа заедно Саул, неговите три сина и сиот негов дом. 7 Кога сите Израелци, кои беа во долината, видоа дека Израелевите синови избегаа и дека загина Саул со синовите, ги оставија своите градови и се разбегаа. Филистејците дојдоа и се населија во нив. 8 Кога утреден Филистејците дојдоа за да ги ограбат убиените, ги најдоа Саула со неговите синови каде лежат мртви на гората Гелвуј. 9 Откако го соблекоа, му ги зедоа главата и оружјето та ги испратија по Филистејската Земја наоколу јавувајќи им ја веста на своите идоли и на народот. 10 Потоа оружјето го ставија во храмот на својот бог, а черепот му го изложија во Дагоновиот храм. 11 Кога слушнаа сите во Галадскиот Јавис што направија Филистејците со Саула, 12 станаа сите храбри луѓе и ги зедоа Сауловото мртво тело и телата на неговите синови и, откако ги донесоа во Јавис, ги погребаа нивните коски под дабот во Јавис; и постеа седум дена. 13 Така загина Саул за своето беззаконие, кое го направи пред Господа: не ги пазеше Господовите заповеди, и врз тоа ја праша за совет бајачката, 14 а не Го праша Господа; затоа го уби и го пренесе царството на Јесеевиот син Давид.
1 Тогаш сите Израелци се собраа кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо. 2 Уште порано, додека Саул беше цар, ти управуваше со сите движења на Израел; Господ, твојот Бог, ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ, и ти ќе бидеш водач над Мојот народ Израел.’” 3 Така дојдоа сите израелеви старешини кај царот во Хеврон, а царот Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа, и го помазаа Давида за цар над Израел, како што Господ му имаше речено на Самоила. 4 Тогаш Давид отиде со сите Израелци во Ерусалим, а тоа е Евус, зашто таму беа Евусејците и живееја во онаа земја. 5 Но Евусејците му порачаа на Давида: „Не ќе влезеш ваму!” Сепак Давид ја освои Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град. 6 Зашто Давид рече: „Кој прв ќе ги порази Евусејците, ќе биде врховен началник и кнез.” Прв се искачи Серуиниот син Јоав и стана началник. 7 Тогаш Давид се насели во таа тврдина; затоа ја нарекоа Давидов Град. 8 Тогаш го изгради градот наоколу, од Милон до оградата, а Јоав го обнови другиот дел на градот. 9 Давид стануваше сè посилен, зашто Господ над Војските беше со него. 10 Еве ги началниците на Давидовите јунаци кои работеа јуначки покрај него за неговото царство со сиот Израел за да го зацарат, според Господовото слово, над Израел. 11 Еве го пописот на Давидовите јунаци: Ахмониевиот син Јасовеам, главатар на триесетмина; тој замавна со своето копје на триста и ги погуби одеднаш. 12 По него Додовиот син Елеазар, Ахошанец, еден од трите јунаци. 13 Тој беше со Давида во Фас-Дамим, кога Филистејците се собраа за бој, а таму имаше поле полно со јачмен; кога народот почна да бега пред Филистејците, 14 тие застанаа сред тоа поле и го одбранија истепувајќи ги Филистејците. Така Господ им даде голема победа. 15 Тројца од тие триесетмина еднаш слегоа до стената кај Давида во Одаламската Пештера, кога филистејските чети стоеја во Рафајската Долина. 16 Тогаш Давид беше во своето укрепено место, а филистејската посада тогаш беше во Витлеем. 17 Давид посака: „О кога некој би ме напил вода од Витлеемскиот Кладенец што е кај вратата!” 18 Тогаш тие тројца продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од Витлеемскиот Кладенец, му ја донесоа и му ја дадоа на Давида. Но Давид не сакаше да пие, туку ја истури како налевница за Господа 19 говорејќи: „Да не ми даде мојот Бог да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та изложувајќи го животот на смрт, донесоа вода.” И не сакаше да пие. Ете тоа го направија тие тројца јунаци. 20 Ависеј, братот Јоавов, беше началник над триесетмина; тој замавнуваше со копје против триста, ги погуби и се прослави меѓу тројцата. 21 Беше меѓу тројцата повиден од другите двајца, и им беше началник, ама не ги достигна првите тројца. 22 Венај син Јодаев, јунак од Кавсеил, богат со јуначки дела, ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јама. 23 Уби и некој Египетец, човек од пет лакти. Египетецот во раката имаше копје како ткајачко вратило, а тој излезе пред него со стап и, откако му го истрга на Египетецот копјето од раката, го уби со неговото копје. 24 Тоа го направи Јодаевиот син Венај и се прослави со името меѓу оние тројца јунаци. 25 Беше најпрочуен меѓу триесетмината, но не ги достаса оние тројца. Давид го постави за заповедник на своите телохранители. 26 Храбри јунаци беа: Јоавовиот брат Асаил, Додовиот син Елханан од Витлеем, 27 Арорецот Самот, Фелонецот Хелис; 28 Икисовиот син Ира, Текоец, Анатотецот Авиезер; 29 Хусецот Сивехај, Илај Ахохецот; 30 Марај Нетофатецот, Ваниниот син Хелед, Нетофатец; 31 Риваевиот син Итај од Гаваја на Венијаминовите синови, Венај Фаратонецот; 32 Урај од Гаските Потоци, Авил Варумецот, 33 Елијав Салвонецот. 34 Синови на Асим Гизонецот: Сагиниот син Јонатан, Арарец; 35 Сахаровиот син Ахијам, Арарец, Уровиот син Елифал; 36 Ефер Мехирецот, Ахиј Фелонецот; 37 Есро Кармилецот, Есваевиот син Нарај; 38 Натановиот брат Јоил, Агиревиот син Мивар; 39 Амонецот Селек, Виротецот Нарај, штитоносец на Серуиниот син Јовав; 40 Ира Јетерецот, Гарив Јетерецот; 41 Хетеецот Уриј, Алаевиот син Завад; 42 Сизиниот син Адина, Рувимец, началник на Рувимовото племе, и триесетмина со него. 43 Мехиниот син Анан и Јосафат Митнеецот. 44 Озиј Астеротецот, Сама и Ехил синови на Ароирецот Хотан; 45 Симриевиот син Едијаил и брат му Јоха Тисецот. 46 Махавецот Елил и Елнамовите синови Еривај и Осавиј и Моавецот Етем; 47 Елил, и Овид и Месовеецот Јасил.
1 Еве ги оние што дојдоа кај Давида во Сиклаг, додека уште се криеше од Саула синот Кисов, и кои беа меѓу јунаците помагачи во бојот; 2 умееја да ракуваат со лакот и со десницата и со левицата, и знаеја да се служат со камења и со стрели. Од Сауловите браќа, Венијаминовците: 3 началникот Ахиезер и Јоас, синови на Гаваецот Семај, па Езил и Фелет, синови Азмаветови, и Верах и Јуј Анатотец; 4 Гаваонец Исмај, јунак меѓу триесетмината и над триесетмината, Еремиј, Јазаил, Јоанан и Јозавад Гедиротец; 5 Елузај, Еримот, Валиј, Семариј и Сефатиј Аруфец; 6 Елкана, Есиј, Азареил, Јоезер и Јасовеам, Кореовци; 7 Јоил и Зевадиј, синови на Јероам Гедорец. 8 Некои Гадовци преминаа кон Давида во тврдината во пустината, храбри јунаци, воини, вешти на бој, вооружени со штит и со копје; лицата им беа како лавски, а беа брзи како срни по горите: 9 началникот Есер, втор Овадиј, трет Елијав; 10 четврти Мисман, петти Еремиј, 11 шести Атај, седми Елил; 12 осми Јоанан, деветти Елзавал, 13 десетти Еремиј, единаесетти Мохванај. 14 Тоа беа воени старешини од Гадовите синови, најмалиот над стотина, а најголемиот над илјада. 15 Тоа се оние кои во првиот месец преминаа преку Јордан, кога се разлеа преку сите свои брегови, и кои ги растераа сите жители од длабоките долини на исток и на запад. 16 Дојдоа и од Венијаминовите и од Јудините синови кај Давида во тврдината. 17 Давид излезе пред нив и, откако проговори, им рече: „Ако доаѓате со мир кај мене за да ми помогнете, моето срце ќе се соедини со вашето; ако дојдовте за да ме предадете на моите непријатели, Бог на нашите татковци нека види и нека суди, зашто нема неправда врз моите раце!” 18 Тогаш духот го опфати Амасај, началникот над триесетмината, и тој рече: „Тебе, Давиде! Со тебе, Јесеев сине, мир! Мир со тебе, мир со оној кој ти помага, зашто твој помошник е твојот Бог!” Така Давид ги прими и ги постави меѓу војводите над четите. 19 Некои од Манасиевите синови преминаа кај Давида кога одеше со Филистејците во бој против Саула, но не им помогна, зашто филистејските кнезови, откако размислија добро, го отпуштија, велејќи: „Би можел да премине кај својот господар Саул, а тоа ќе нè чини главите.” 20 И така кога се враќаше во Сиклаг, преминаа кај него од Манасиевото племе: Адна, Јозавад, Едијаил, Михаил, Јозавад, Елиуј и Салтај, главатари илјадници во Манасиевото племе. 21 Тие му помагаа на Давида против разбојничките чети, зашто сите беа храбри јунаци, та станаа заповедници во неговата војска. 22 Навистина одден наден доаѓаа кај Давида за да му помагаат, сè додека неговата војска не стана огромна како Божја војска. 23 Еве го бројот на луѓето вооружени за војна, кои дојдоа кај Давида во Хеврон за да го пренесат на него Сауловото царство, според Господовата повелба: 24 Јудини синови, кои носеа штит и копје, шест илјади и осум стотини вооружени за војна. 25 Од Симеоновите синови, храбри јунаци за војна, седум илјади и сто. 26 Од Левиевите синови четири илјади и шест стотини. 27 Така и Јодај, главатар на Ароновите потомци, и со него три илјади и седум стотини; 28 и младиот Садок, храбар јунак, и од неговиот род дваесет и два кнеза. 29 А од Венијаминовите синови, од Сауловите браќа, три илјади, зашто дотогаш најголемиот дел уште му остана верен на Сауловиот дом. 30 Ефремови синови дваесет илјади и осум стотини, сè храбри јунаци, луѓе на глас во своите семејства. 31 Од половината Манасиево племе осумнаесет илјади спомнати по име, за да дојдат да го зацарат Давида. 32 Од Исахаровите синови, кои умееја да го разберат своето време и да сознаат што треба да направи Израел; двеста нивни главатари. Сите нивни браќа им беа подложени. 33 Од Завулоновите синови, способни за војна и вооружени за бој со секакво бојно оружје, педесет илјади, кои со смело срце се подредија во бојни редови. 34 Од Нефталимовото племе илјада кнезови и со нив триесет и седум илјади луѓе со штитови и со копја; 35 од Дановото племе дваесет и осум илјади и шест стотини вооружени за бој, 36 а од Асировото племе четириесет илјади способни за војска и за бој опремени. 37 Од оние отаде Јордан, од Рувимовото, од Гадовото и од половината Манасиево племе, сто и дваесет илјади луѓе со секакво воено оружје. 38 Сите тие војници, подредени во бојни редови, дојдоа со чесно срце во Хеврон за да го зацарат Давида над сиот Израел; и сите други Израелци беа еднодушни за да го постават Давида за цар. 39 Поминаа три дни со Давида, јадејќи и пиејќи. Браќата подготвија сè за нив. 40 Нивните најблиски соседи, сè до Исахар, Завулон и Нефталим, донесуваа храна на ослиците, на камилите и на мазгите, а со воловите јадења: брашно, смоквени низаници, суво грозје, вино, масло, крупен и ситен добиток изобилно, зашто беше веселба во Израел.
1 Давид се советуваше со илјадниците, стотниците и со сите водачи. 2 И тој му рече на целиот Израелев собор: „Ако ви е право та ако нашиот Бог Господ одлучил така, ќе испратиме гласници на сите други браќа во Израелевата земја, а исто така и на свештениците со нив и на левитите по градовите на нивните пасишта, за да се обединат со нас. 3 Ќе го пренесеме кај себе Ковчегот на својот Бог, зашто навистина не го баравме во Сауловите денови.” 4 Сиот собор одлучи да се направи така, зашто тоа беше право во очите на сиот народ. 5 Така Давид го собра сиот Израелев народ од Египетскиот Сихор па до влезот во Емат, за да го донесат Божјиот Ковчег од Киријат-Јарим. 6 Давид со сиот Израел тргна во Вал, во Киријат-Јарим, што е во Јуда, за да го пренесат оттаму Божјиот Ковчег наречен со името на Господа, кој престолува над херувимите. 7 Го изнесоа Божјиот Ковчег на нова кола од Авинадавовата куќа; а Уза и Ахиј управуваа со колата. 8 Давид и сиот Израел играа пред Господа со сета сила пеејќи наспоредно со звуци на гуслиња, псалтири, тапанчиња, на кимвали и на труби. 9 Кога дојдоа до Хидоновото Гумно, Уза посегна со раката за да го придржи Ковчегот, зашто воловите не го превртија за малку. 10 Но Господ се разгневи на Уза и го удри, зашто ја испружи раката кон Ковчегот. Таму умре пред Бога. 11 На Давида му беше жал дека Господ го удри така Уза, и тој го нарече тоа место Ферес-Уза, како што се вика и ден-денес. 12 Во тој ден Давид се исплаши од Господа и рече: „Како ќе го донесам кај себе Божјиот Ковчег?” 13 Не го премести Ковчегот кај себе во Давидовиот Град, туку го засолна во куќата на Гетеецот Овид-Едом. 14 И Божјиот Ковчег остана кај Овид-Едомовото семејство, во неговиот дом, три месеци. Затоа Господ ги благослови Овид-Едомовата куќа и сè што имаше.
1 Тирскиот цар Хирам му испрати на Давида пратеништво и кедрови дрва, ѕидари и дрводелци за да му градат дворец. 2 Тогаш Давид созна дека Господ го потврди за цар над Израел и дека го возвишил неговото царство заради Својот Израелски народ. 3 Давид зеде уште жени во Ерусалим и имаше уште синови и ќерки. 4 Еве ги имињата на децата што му се родија во Ерусалим: Самуј, Совав, Натан, Соломон, 5 Евар, Елисуј, Елфалет, 6 Нога, Нефег, Јафија, 7 Елисам, Велијад и Елифалет. 8 Кога Филистејците чуја дека го помазаа Давида за цар над сиот Израел, сите излегоа за да го бараат Давида. Откако го чу тоа, Давид излезе пред нив. 9 Филистејците дојдоа и се раширија по Рафајската Долина. 10 Тогаш Давид Го праша Бога: „Можам ли да ги нападнам Филистејците? Сакаш ли да ми ги предадеш мене во рацете?” Господ му одговори: „Нападни, зашто ќе ти ги предадам тебе во рацете!” 11 Тогаш тргнаа во Вал Ферасим, и Давид таму ги истепа. Давид рече: „Бог навлегува меѓу моите непријатели со мојата рака, како што навлегува водата.” Затоа она место беше наречено Вел Ферасим. 12 Таму ги оставија своите богови; а Давид заповеда и ги изгореа во оган. 13 Пак Филистејците се раширија по онаа долина. 14 Давид пак Го праша Бога, а Бог му одговори: „Не оди по нив, туку опкружи ги и нападни врз нив од спротивната страна на Бекаим. 15 Па кога ќе чуеш шум од чекори по Бекаимските Врвови, тогаш излези во бој, зашто тогаш Бог ќе оди пред тебе за да ја погуби филистејската војска. 16 Давид направи како што му заповеда Бог; и ја поразија филистејската војска од Гаваон до Гезер. 17 Давидовото име се прочу по сите земји, а Господ им влеа страв од него на сите народи.
1 Тогаш Давид изгради дворци во Давидовиот Град, подготви место за Ковчегот и му оптегна Шатор. 2 Потоа Давид рече: „Никој не смее да го носи Божјиот Ковчег освен левитите, зашто Господ ги избра нив за да го носат Божјиот Ковчег и за да му служат довека.” 3 Давид го собра сиот Израел во Ерусалим за да го пренесат Господовиот Ковчег горе на неговото место што му го беше подготвил. 4 Давид ги собра и Ароновите синови и левитите. 5 Од Каатовите синови: кнезот Урил и сто и дваесет негови браќа; 6 од Мерариевите синови: кнезот Асај и двеста и дваесет негови браќа; 7 од Гирсоновите синови: кнезот Јоел и сто и триесет негови браќа. 8 Од Елисафановите синови: кнезот Семај и двеста негови браќа. 9 Од Хевроновите синови: кнезот Елил и осумдесет негови браќа; 10 од Озиловите синови: кнезот Аминадав и сто и дваесет негови браќа. 11 Тогаш Давид ги повика свештениците Садок и Авијатар, и левитите Урил, Асај, Јоил, Самај, Елил и Аминадав, 12 па им рече: „Вие сте главатари на левитските семејства; осветете се себеси и своите браќа за да го пренесете горе Ковчегот на Господа, Израелевиот Бог, на местото што му го подготвив. 13 Зашто нè погуби Господ, нашиот Бог, затоа што првиот пат вие не бевте присутни и затоа што не Го баравме онака како што треба.” 14 Тогаш свештениците и левитите се осветија за да го пренесат горе Ковчегот на Господа, Израелевиот Бог. 15 Левитските синови го понесоа Божјиот Ковчег, на своите раменици, на драгови, како што заповеда Мојсеј според Господовиот збор. 16 Тогаш Давид им рече на левитските кнезови да од своите браќа постават пејачи со музички справи, со псалтири, со гуслиња и со кимвали, за да се слуша и за да се одгласува силно радосното пеење. 17 Левитите ги поставија Јоиловиот син Еман, а од неговите браќа Варахиевиот син Асаф, и од нивните браќа, Мерариевите синови, Кисеовиот син Етан. 18 Со нив нивните браќа од вториот ред: Захариј, синот Јазилов, Семирамот, Ехил, Униј, Елијав, Венаја, Масиј, Мататиј, Елифел, Микнеј, Овид-Едом и Еил, вратари. 19 А пејачите Еман, Асаф и Етан удираа громко во бронзените кимвали. 20 А Захариј, Азил, Семирамот, Ехил, Униј, Елијав, Масиј и Венаја во псалтири со високи звуци; 21 а Мататиј, Елифел, Микнеј, Овид-Едом, Елиј и Азазиј во гуслиња, во осминска придружба. 22 Хенаниј, кнезот на оние левити кои го носеа Ковчегот, управуваше со пренесувањето, зашто беше вешт. 23 Варахиј и Елкана беа вратари кај Ковчегот. 24 Севаниј, Јосафат, Натанаил, Амасај, Захариј, Венаја и Елиезер, свештеници, трубеа во труби пред Божјиот Ковчег; Овид-Едом и Ехиј беа вратари кај Ковчегот. 25 Така Давид со израелските старешини и со илјадниците одеше радосно пренесувајќи го горе Ковчегот на Господовиот Завет од Овид-Едомовата куќа. 26 Кога Бог им помогна на левитите кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, жртвуваа седум јунци и седум овни. 27 Давид беше наметнат со плашт од тенко платно, а исто така и сите левити кои го носеа Ковчегот, и пејачите и Хенаниј кој управуваше со носачите среде пејачите. Давид имаше ленен наплеќник врз себе. 28 Така сиот Израел го пренесуваше горе Ковчегот на Господовиот Завет, радосно воскликнувајќи наспоредно со звуците на роговите, трубите и кимвалите, играјќи при звуците на псалтирите и гуслињата. 29 Кога Ковчегот на Господовиот Завет влегуваше во Давидовиот Град, Сауловата ќерка Михала, гледајќи од прозорецот, го виде царот Давид како скока и игра, и таа го презре во своето срце.
1 Тогаш го внесоа Божјиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш принесоа паленици и помирителни жртви пред Господа. 2 Откако принесе паленици и помирителни жртви, Давид го благослови народот во Господовото име. 3 Тогаш им подели на сите Израелци, на мажите и на жените, секому по еден кружен леб, парче месо и низаница суво грозје. 4 Тогаш постави пред Господовиот Ковчег службеници, од левитите, да Го вознесуваат, да Го слават и да Го фалат Господа, Израелевиот Бог, и тоа: 5 главатарот Асаф, а втор по него Захариј, потоа Еил, Семирамот, Ехил, Мататиј, Елијав, Венаја, Овид-Едом и Еил со псалтири и гуслиња; Асаф удираше во кимвали. 6 Свештениците Венаја и Јазил беа непрекратно со труби пред Ковчегот на Господовиот Завет. 7 Во тој ден Давид им довери за првпат на Асаф и на неговите браќа да Го слават Господа со овај псалм: 8 Славете Го Господа, повикувајте Му го Името; навестувајте ги сред народите Неговите дела! 9 Пејте Му, свирете Му, проповедајте ги сите Негови чудеса! 10 Фалете се со Неговото свето Име, нека се радува срцето на оние што Го бараат Господа! 11 Барајте Го Господа и Неговата сила, барајте го секогаш Неговото лице! 12 Спомнете си за чудата што ги направи, за Неговите чуда и за судовите на Неговата уста, 13 Израелевиот род е Негов слуга, Јакововите синови Негови избраници. 14 Тој е Господ, наш Бог; Неговите судови се по сета земја! 15 Спомнувајте си секогаш за Неговиот Завет, за словото кое им го објави на илјадници поколенија; 16 за Заветот што го склучи со Авраама и Неговата заклетва на Исака. 17 Тоа им го постави како закон на Јакова, како вечен Завет на Израел. 18 Велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Ханаанската Земја како дел во ваше наследство.” 19 Тие беа малубројни, и ништожни, и придојденици во неа. 20 Одеа од народ до народ, од едно царство кон друг народ. 21 Но Тој не му дозволи никому да ги угнетува, ги казнуваше заради нив царевите: 22 ”Не допирајте ги Моите помазаници, не правете им зло на Моите пророци!” 23 Пеј Му на Господа, цела Земјо! Проповедајте го од ден на ден Неговото спасение! 24 Кажувајте им ја на незнабошците Неговата слава, на сите народи Неговите чудеса. 25 Велик е Господ, предостоен за фалба, пострашен од сите богови. 26 Ништожни се сите богови на народите. Господ ги создаде небесата. 27 Славата и величеството се пред Него, силата и радоста во Неговото Светилиште. 28 Дајте Му ги на Господа, народни племиња, дајте Му ги на Господа славата и честа! 29 Дајте Му ја на Господа славата на Неговото Име, носете приноси и доаѓајте пред Неговото лице! Поклонете Му се на Господа во блесокот на Неговата светост! 30 Трепери пред Него, сета Земјо! Ја зацврсти вселената за да не се заљулее. 31 Небесата нека се веселат и земјата нека воскликнува; нека се зборува меѓу незнабошците: „Господ царува!” 32 Морето нека бучи и сè што е во него; полето нека се радува и што е на него! 33 Горските дрвја нека ликуваат пред Господа, зашто доаѓа да и суди на земјата. 34 Славете Го Господа зашто е добар, зашто е вечна Неговата љубов. 35 И речете: „Спаси нè, о Боже, Спасителу наш, и собери нè и избави нè од безбожните народи, за да го славиме Твоето свето Име, за да се гордееме со Твојата слава.” 36 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ рече: „Амин! Алилуја!” 37 И таму пред Ковчегот на Господовиот Завет ги оставија Асафа и неговите браќа за да служат пред Ковчегот непрекратно, колку што треба од ден во ден; 38 и Овид-Едома со неговите браќа, нив шеесет и осум, Овид-Едома, синот Једутунов, и Оса, за да бидат вратари; 39 а свештеникот Садок со неговите браќа свештеници пред Господовото Престојувалиште на високото место во Гаваон, 40 за да Му принесуваат паленици на Господа на жртвеникот за паленици без престанок, наутро и навечер, и за да вршат сè, што е напишано во Законот што Господ му го одреди на Израел; 41 со него Еман и Једутун и другите избраници, за да Го слават Господа, „зашто е вечна Неговата љубов”; 42 и тоа Еман и Једутун за да свират во трубите и за да удираат во кимвалите и во други музички справи во чест на Бога; а Једутуновите синови за да бидат вратари. 43 Тогаш сиот народ се разотиде, секој во својата куќа; а Давид се врати за да го благослови својот дом.
1 Кога Давид се настани во дворецот, му рече на пророкот Натан: „Погледај! Еве, јас живеам во дворец од кедрово дрво, а Ковчегот на Господовиот Завет под завеси!” 2 Натан му одговори на Давида: „Прави, што ти е на срцето, зашто Господ е со тебе.” 3 Но уште во истата ноќ му дојде на Натана ова Божјо слово: 4 ”Оди и кажи му на Мојот слуга Давид: ‘Господ зборува вака: „Ти нема да Ми направиш куќа за да живеам во неа. 5 Никогаш не престојував во куќа откако го изведов Израел од Египет па до денешниот ден, туку одев од шатор до шатор, и од престојувалиште до престојувалиште. 6 Додека одев со сиот Израел, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да му бидат пастири на Мојот народ, и дали му кажав: ‘Зошто не Ми изградите куќа од кедрово дрво?’”‘ 7 Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од пасиштата, од овците и од козите, за да бидеш кнез над Мојот Израелски народ. 8 Бев со тебе каде и да одеше, ги истребив сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти набавам големо име, како што е името на големците на земјата. 9 Ќе му одредам престојувалиште на Својот Израелски народ и ќе го посадам за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту да го измачуваат неправедниците како порано, 10 тогаш кога одредив судии над Својот Израелски народ. Ќе ги покорам сите твои непријатели и ќе те направам голем, Господ ќе ти подигне дом. 11 Зашто кога ќе се исполнат твоите животни денови и кога ќе дојде времето да починеш кај татковците, ќе го подигнам твојот потомок по тебе, кој ќе биде од твоите синови, и ќе го утврдам неговото царство. 12 Тој ќе Ми изгради дом, а Јас ќе го утврдам неговиот престол засекогаш. 13 Јас ќе му бидам нему татко, а тој ќе Ми биде Мене син: нема да ја одвратам Мојата милост од него, како што ја одвратив од неговиот претходник. 14 Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство довека, и неговиот престол ќе му стои цврсто засекогаш.”‘“ 15 Натан му ги пренесе на Давида сите тие зборови и целото видение. 16 Тогаш Давид дојде и застана пред Господа и рече: „Кој сум јас, о Боже Господи, и што е мојот дом та ме доведе дотука? 17 Па и тоа беше премалку во Твоите очи, о Боже, туку му даде ветување на домот на Својот слуга и за далечната иднина, и погледна на мене како што се гледа на угледен човек, о Боже Господи! 18 Па уште што да ти зборува Давид за славата на Твојот слуга; та Ти го познаваш Својот слуга! 19 Господи, заради Својот слуга и по Своето срце го направи сето ова големо дело, објавувајќи ги овие величини. 20 Господи нема таков Каков што си Ти, ниту има Бог освен Тебе, според сè што чувме со своите уши. 21 Дали постои друг народ на земјата како Твојот Израелски народ, заради кој Бог одеше за да Си избави народ за Себе, за да си придобиеш така Име со големи и страшни чудеса, изгонувајќи ги кривобожечките племиња пред Својот народ што го откупи од Египет? 22 Така го направи Својот Израелски народ, Свој народ засекогаш, а Ти, Господи, му стана Бог. 23 Затоа сега, Господи, нека биде цврсто довека словото што му го даде на Својот слуга и на неговиот дом, и направи како што вети. 24 Нека биде цврсто, за да се велича Твоето Име засекогаш и да се вели: ‘Господ над Војските, Израелевиот Бог, е Бог над Израел, а домот на Твојот слуга Давид нека стои цврсто пред Тебе.’ 25 Зашто Ти, Боже мој, му јави на увото на Својот слуга дека ќе му подигнеш дом, затоа Твојот слуга присобра храброст за да се помоли пред Тебе. 26 Навистина, Господи, Ти Си Бог, и Ти му го даде ова убаво ветување на Твојот слуга. 27 Затоа сега удостои се да го благословиш домот на Твојот слуга, за да остане довека пред Тебе, зашто кога Ти, Господи, ќе благословиш, ќе биде благословено довека.”
1 Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, та го одзеде Гат со неговите села од филистејските раце. 2 Ги порази и Моавците, и тие станаа Давидови поданици кои му донесуваа данок. 3 Давид го порази и Адад-Езера, совскиот цар во Емат, кога излезе да ја утврди својата власт до реката Еуфрат. 4 Давид зароби од него илјада бојни коли, седум илјади коњаници и дваесет илјади пешаци; им ги пресече петичните жили на сите коњи на бојните коли, остави само сто. 5 Дамаските Арамејци му беа дошле на помош на Адад-Езер, ама Давид погуби меѓу Арамејците дваесет и две илјади луѓе. 6 Постави намесник во Арамејскиот Дамаск. Така Арамејците станаа Давидови поданици и требаа да му плаќаат данок. Господ му даваше победа на Давида каде и да одеше. 7 Давид ги заплени златните штитови што ги имаа Адад-Езеровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. 8 И од Адад-Езеровите градови Тиват и Хун однесе многу бронза, од која Соломон го направи бронзеното море, столбовите и бронзените посатки. 9 Кога ематскиот цар Тој чу дека Давид ја порази целата војска на Адад-Езера, совскиот цар, 10 му го испрати на Давида својот син Адорам за да го поздрави и за да му честита, зашто војуваше против Адад-Езера и зашто го порази, бидејќи Тој беше во војна со Адад-Езер; и за да му однесе секакви златни, сребрени и бронзени предмети. 11 И нив Давид му ги посвети на Господа со среброто и златото што го имаше земено од сите народи, од Едомците, од Моавците, од Амонците, од Филистејците и од Амаликците. 12 Серуиниот син Ависај погуби осумнаесет илјади Едемци во Солената Долина. 13 Давид постави намесници по Едом. Така сите Едомци станаа Давидови слуги. И каде и да одеше Давид, Господ му даваше победа. 14 Давид царуваше над сиот Израел правејќи му право и правда на сиот свој народ. 15 Серуиниот син Јоав беше заповедик на војската; синот Ахилудов беше таен советник. 16 Синот Ахитовов Садок и синот Авимелехов беа свештеници, Суса писар. 17 Синот Јодаев Венаја беше над Херетците и над Фелетците, а Давидовите синови беа први до царот.
1 Потоа умре Нас, царот на Амонците, и син му се зацари на негово место. 2 Давид си рече во себеси: „Ќе му искажам љубов на Насовиот син Анун, зашто и неговиот татко ми искажа милост мене.” Давид испрати посланици за да му изразат сочувство заради смртта на неговиот татко. Кога Давидовите слуги дојдоа во земјата на Амонците кај Ануна за да му искажат сочувство, 3 кнезовите на Амонците му рекоа на Анун: „Зар мислиш дека Давид ги испрати луѓето за да ти искажат сочувство затоа што сака да му укаже чест на твојот татко? Не дојдоа ли затоа неговите слуги кај тебе, за да ја извидат, за да ја истражат и за да ја согледаат земјата?” 4 Тогаш Анун ги грабна Давидовите слуги и ги избричи, им ги потсече облеките до половина, до крстот, и ги испрати назад! 5 Кога му го јавија тоа на Давида, тој испрати човек пред нив, зашто беа многу засрамени, и им порача: „Останете во Ерихон додека не ви порасте брадата, па тогаш вратете се.” 6 Кога Амоновите синови видоа дека се замразија со Давида, Анун со Амоновите синови испрати илјада сребрени таланти за да наемат со плата бојни коли и коњаници од Арам Нахараим, од Арам Мах и од Сова. 7 Зедоа под наем за плата триесет и две илјади бојни коли, и царот на Маха со неговиот народ, та тие дојдоа и се настанија пред Медева. Амоновите синови се собраа од сите свои градови и дојдоа во бој. 8 Кога Давид го чу тоа, го испрати Јоава со сета своја јуначка војска. 9 Амоновите синови излегоа и се подредија во боен ред пред градската врата; а царевите кои дојдоа стоеја одделно во полето. 10 Откако ги виде поставените бојни редови кон себе, однапред и одназад, Јоав ги одбра најхрабрите меѓу Израелците и ги подреди спрема Арамејците. 11 Другата војска му ја предаде на братот Ависај, за да ја подреди спрема Амонците. 12 И му рече: „Ако Арамејците бидат појаки од мене, тогаш ти прискочи ми на помош; ако Амонците бидат појаки од тебе, јас ќе поитам кај тебе на помош. 13 Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на нашиот Бог; а Господ нека направи што Му е угодно.” 14 Тогаш Јоав и војската која беше со него почнаа да се доближуваат за да удрат на Арамејците, но тие избегаа пред нив. 15 Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, избегаа и тие пред неговиот брат Ависај и се повлекоа в град. Тогаш Јоав се врати во Ерусалим. 16 А Арамејците, откако видоа дека Израелците ги поразија, испратија пратеници и доведоа Арамејци, што се од онаа страна на Реката, на чело со Софак, военачалник на Адар-Езеровата војска, кој ги предводеше. 17 Откако му го соопштија тоа на Давида, тој ги собра сите Израелци, и по преминувањето преку Јордан, им се доближи на Арамејците и се подреди пред нив; кога Давид се подреди во боен ред спрема Арамејците, тие почнаа бој со него. 18 Но Арамејците почнаа да бегаат пред Израелците, и Давид им истепа седум илјади коњи на бојните колесници и четириесет илјади пешаци; го погуби и военачалникот Софак. 19 Кога Адад-Езеровите слуги видоа дека Израел ги разби, склучија мир со Давида и почнаа да му служат. А Арамејците веќе не се осмелуваа да им служат на Амонците.
1 Во идната година, во времето кога царевите излегуваа на војна, Јоав ја изведе војската и почна да ја запустува Амонската Земја. Откако дојде, ја опсади Рава; Давид беше останат во Ерусалим. Јоав ја освои Рава и ја разурна. 2 Тогаш Давид ја зеде круната од главата на нивниот цар и виде дека е тешка еден златен талант, а врз неа беа скапоцени камења. Ја сложија врз главата на Давида, кој однесе од градот многу голем плен. 3 Народот што беше во градот го извади надвор и го исече со пили, со железни копачи и со секири. Така Давид им направи на сите градови на Амоновите синови. Потоа се врати со сиот народ во Ерусалим. 4 Потоа пак избувна војна со Филистејците во Гезер; тогаш Хусиецот Сивехај го погуби Сифија, кој беше од Рефаимовите потомци; и беа покорени. 5 Покрај тоа стана и војна со Филистејците, во која Јаировиот син Елханан го погуби Ламија, братот на Гетеецот Голијат, кој имаше копје како ткаачко вратило. 6 Потоа пак избувна војна во Гат, каде беше некој човек со висок раст: тој имаше на секоја рака и нога по шест прсти, и така дваесет и четири; и тој беше Рафин потомок. 7 Кога почна да го хули Израел, го уби Јонатан, син на Давидовиот брат Самај. 8 Тоа беа Рафини потомци во Гат, кои загинаа од Давидовата рака и од раката на неговите слуги.
1 Тогаш Сатаната стана против Израел и го поттикна Давида да го изброи Израел. 2 Царот им рече на Јоава и на народните кнезови: „Одете, пребројте ги Израелците од Вирсавеа па до Дан и кажете ми колку се на број.” 3 Јоав рече: „Господ нека му даде на Својот народ уште стопати оволку колку што е сега! Не се ли, мој господару цару, сите тие слуги на мојот господар? Зошто го бара тоа мојот господар? Зошто да биде вината на Израел?” 4 Но царскиот збор беше посилен од Јоавовиот. Така Јоав отиде и почна да го обиколува сиот Израел, а тогаш, најпосле, се врати во Ерусалим. 5 Јоав му го даде на Давида списокот на преброениот народ; а имаше во целиот Израел единаесет пати по сто илјади кои мавтаа со меч, а во Јуда четири стотини и седумдесет илјади мажи кои мавтаа со меч. 6 Тој не ги преброи меѓу нив племињата на Леви и на Венијамин, зашто царската заповед му беше одвратна. 7 Тоа беше гнасно и во Божјите очи, па Бог го удри Израел. 8 Давид Му рече на Бога: „Многу згрешив зашто го направив тоа. Но прости му ја вината на Својот слуга, зашто работев мошне безумно!” 9 Господ му рече на Давидовиот гледач Гад: 10 „Оди и кажи му на Давида: ‘Господ вели вака: „Три работи ставам пред тебе, избери си едно од тоа за да ти сторам!”‘“ 11 Откако дојде кај Давида, Гад му рече: „Господ вели вака: ‘Избери си за себе 12 или глад за три години, или ти да бегаш три месеци пред непријателите, и да те стига мечот на твоите непријатели, или три дни Господовиот меч и морот да бидат на земјата, и Господовиот ангел да убива по сите израелски краишта.’ Сега размисли и гледај што да му одговорам на Оној што ме испрати!” 13 Давид му рече на Гада: „На голема мака сум! Ах, нека паднам во Господовите раце, зашто е големо Неговото милосрдие, а да не паднам во човечки раце!” 14 Така Господ испрати помор на Израел, та изумреа седумдесет илјади Израелци. 15 Бог испрати ангел против Ерусалим за да го истребува; а кога почна да го истребува, Господ погледна и Му се сожали заради злото, па Му рече на ангелот погубувач: „Доста е сега, спушти ја раката!” Господовиот ангел стоеше покрај гумното на Евусеецот Орнан. 16 Давид, откако ги подигна очите, го виде Господовиот ангел како стои меѓу земјата и небото држејќи во раката извлечен меч, што го имаше кренато на Ерусалим, и тој падна ничкум со старешините облечени во вреќиште. 17 Давид Му рече на Бога: „Не заповедав ли јас да се преброи народот? И така, јас сум оној кој згреши и кој направи големо зло, а што сторија тие овци? Господи, Боже мој, нека Твојата рака дојде на мене и на мојот татков дом, а не на тој народ за да го погубиш!” 18 Тогаш Господовиот ангел му рече на Гад да му каже на Давида, за да излезе и да Му подигне жртвеник на Господа на гумното на Евусеецот Орнан. 19 Давид отиде според словото што му го кажа Гад во Господово Име. 20 А Орнан, откако се сврте, го забележа ангелот, а неговите четири синови се сокрија. Орнан вршеше пченица. 21 Тогаш Давид дојде до Орнана, а тој, откако погледна и го забележа Давида, дојде од гумното и му се поклони на Давида со лицето до земјата. 22 Тогаш Давид му рече на Орнан: „Дај ми го тоа гумно за да Му изградам жртвеник на Господа; дај ми го за полна цена, за да прекрати морот во народот!” 23 Орнан му одговори на Давида: „Мојот господар царот нека го земе и нека прави што е добро во неговите очи; еве ти давам говеда за паленици, вршечките орудија за дрва, и пченица за принос; ти го подарувам сè тоа.” 24 Царот Давид му рече на Орнана: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам, зашто не сакам да Му принесувам на Господа што е твое, да принесувам паленици што ми се подарени.” 25 И Давид му даде на Орнана за тоа место шест стотини златни шекели на мера. 26 Тогаш Му изгради жртвеник на Господа таму и принесе паленици и помирителни жртви; а кога Го повика Господа, Тој го послуша спуштајќи оган од небото на жртвеникот за паленици. 27 Господ му нареди на ангелот да го врати мечот во ножницата. 28 Во она време, откако виде дека Господ го послуша на гумното на Евусеецот Орнан, Давид почна да принесува жртви таму. 29 Господовото Престојувалиште, што го направи Мојсеј во пустината, и жртвеникот за паленици, беше во тоа време на возвишението во Гаваон. 30 Давид не можеше да оди таму да Го бара Бога, зашто го опфати страв од мечот на Господовиот ангел.
1 Затоа Давид рече: „Ова е Домот на Господа и ова е жртвеник за паленици на Израел!” 2 Давид заповеда да се соберат странците, кои беа во Израелската Земја и одреди каменоресци, за да делкаат прописно камења за изградбата на Божјиот Дом. 3 Давид приготви многу железо за клинци на крилата на вратите и за рачките; и без мера многу бронза. 4 Многу кедровина, зашто Сидонците и Тирците му довезуваа многу кедрови дрва на Давида. 5 Зашто Давид мислеше: „Мојот син Соломон е млад и нежен, а Домот што треба да Му биде изграден на Господа треба да биде величествен, за слава и чест по сите земји. Ајде да му подготвам се.” И Давид подготви многу нешта пред својата смрт. 6 Потоа го повика синот Соломон и му заповеда да Му изгради Дом на Господа, на Израелевиот Бог. 7 Уште Давид му рече на Соломона: „Сине! Посакав во своето срце да Му изградам Дом на Името на Господа, својот Бог. 8 Но ми дојде Господовото слово: „Многу крв пролеа и водеше големи војни; не ќе Му изградиш ти Дом на Моето Име; зашто пролеа многу крв на земјата пред Мене. 9 Ете, ќе ти се роди син; тој ќе биде мирољубец, и ќе му дадам мир од сите негови непријатели отсекаде наоколу; името ќе му биде Соломон. Ќе му дадам мир и тишина на Израел во негово време. 10 Тој ќе Му изгради Дом на Моето Име, тој ќе Ми биде син, а Јас ќе му бидам Татко нему, и ќе го утврдам неговиот царски престол над Израел довека.” 11 Сега, сине мој, Господ нека биде со тебе за да успееш за да Му изградиш Дом на Господа, својот Бог, како што рече за тебе. 12 Само Господ нека ти даде разум и мудрост кога ќе те постави над Израел, затоа да го пазиш Законот на Господа, својот Бог! 13 Ќе бидеш среќен ако ги вршиш внимателно одредбите и законите кои Господ му ги даде на Израел преку Мојсеја. Биди мажествен и храбар, не бој се и не плаши се! 14 Еве, јас при мојата скудност подготвив за Господовиот Дом сто илјади златни таланти, и илјада илјади сребрени таланти, а бронза и железо без мера, зашто го има толку многу. Подготвив и дрва и камења, а и ти додај нешто кон тоа. 15 Имаш многу добри работници, каменоресци, ѕидари, дрводелци и секакви вештаци во секое умеење; 16 златото, среброто, бронзата и железото немаат мера; и така, оди и гради, и Господ нека биде со тебе!” 17 Тогаш Давид им заповеда на сите израелски кнезови да му помагаат на неговиот син Соломон: 18 ”Не е ли со вас Господ, вашиот Бог, Кој ви даде мир отсекаде наоколу, зашто ги предаде во мои раце жителите на оваа земја, и земјата е покорена пред Господа и пред Неговиот народ. 19 И така, сега дајте со своето срце и со својата душа да Го барате Господа, својот Бог; одете и градете Му Светилиште на Господа Бога, внесете го Ковчегот на Господовиот Завет и светите Божји посатки во Домот што ќе Му биде изграден на Господовото Име.”
1 Откако остаре и им се насити на деновите, Давид го постави својот син Соломон за цар над Израел. 2 Потоа ги собра сите израелски кнезови, свештеници и левити. 3 Тој ги преброи левитите од триесет години нагоре, и беа триесет и осум илјади машки глави. 4 Меѓу нив беа дваесет и четири илјади од оние кои управуваа со работата околу Господовиот Дом, а шест илјади надгледници и судии, 5 пет илјади вратари и четири илјади од оние кои Го фалеа Господа со свирки што ги направи за фалење. 6 Давид ги подели на редови според Левиевите синови: Гирсон, Кат и Мерариј. 7 Од Гирсоновото колено беа: Ладан и Симеј. 8 Ладанови синови: главатари: Ехил, Зетам и Јоил, тројца. 9 Симееви синови: Селомит, Азил и Харан, нив тројца; тоа се главатари на Ладановите семејства. 10 Симееви синови: Јат, Зиза, Јеус и Вериј. Тие четворица се Симееви синови. 11 Јат беше главатар, а вториот Зиза; а Јеус и Вериј немаа многу деца, затоа се броеја во едно семејство, во еден дом. 12 Каатови синови: Амрам, Исар, Еврон и Озил, четворица. 13 Амрамови синови: Арон и Мојсеј. Арон беше одреден да ја осветува Светината над светините; тој и неговите синови довека, да кадат пред Господа, да Му служат и да благословуваат во Негово Име довека. 14 Мојсеј беше Божји човек. Неговите синови се вбројуваат во Левиевото племе. 15 Мојсееви синови се: Гирсом и Елиезер. 16 Гирсомови синови: главатарот Севуил. 17 Елиезерови синови беа: главатарот Реавиј. Елиезер немаше други синови, туку Реавиевите синови се намножија многу. 18 Исарови синови: главатарот Селомит. 19 Евронови синови: главатар Ериј, втор Амариј, трет Јазил, четвртиот Екамеам. 20 Озилови синови: главатар Миха, втор Есиј. 21 Мерариеви синови: Елеазар и Кис. 22 Елеазар умре немајќи синови, туку само ќерки, кои ги зедоа за свои жени нивните роднини, Кисовите синови. 23 Мусиеви синови: Малиј, Едер и Јеремот, тројца. 24 Тоа беа Левиевите синови според домовите на татковците, главатари на семејствата, кои беа запишани по име; тие ја вршеа работата за служба на Господовиот Дом во доба од дваесет години нагоре. 25 Давид рече: „Господ, Израелевиот Бог, Му даде мир на Својот народ и ќе живее довека во Ерусалим. 26 Затоа веќе ни левитите не ќе ги носат веќе ни Шаторот ни разновидните прибори за негова служба.” 27 Според последните Давидови зборови, беа пребројани Левиевите синови од дваесет години нагоре. 28 Беа одредени да бидат покрај Ароновите синови во служба во Господовиот Дом, во преддворјата и во тремовите, за да ги чистат сите свети работи, за да работат во служба во Господовиот Дом, 29 исто за лебните приноси, за пченичното брашно за принос, за бесквасните колачиња зготвени во сад и замешани во масло и за мерките за тежина и за должина; 30 за да пристапуваат секое утро, да Му благодарат на Господа и да Го слават: така и навечер. 31 А кога и да Му се принесуваат паленици на Господа, во сабота, при млада месечина и во празниците, да доаѓаат според својот број, според својот ред, секогаш пред Господа. 32 И за да ги заштитуваат на средбата: и Светилиштето и своите браќа, Ароновите синови, при службите во Господовиот Дом.
1 Ароновите синови имаа свои редови, Аронови синови беа: Надав, Авијуд, Елеазар и Итамар. 2 Но Надав и Авијуд умреа пред таткото и немаа деца; затоа свештеничката служба ја вршеа Елеазар и Итамар. 3 Давид ги подели на редови нив и Садок, од Елеазаровите синови, и Ахимелех, од Итамаровите синови, според нивниот ред во нивната служба. 4 Ама меѓу Елеазаровите синови се најдоа повеќе машки главатари отколку меѓу Итамаровите синови, па кога ги поделија, од Елеазаровите синови беа шеснаесет семејни главатари, а од Итамаровите синови само осум семејни главатари. 5 Затоа ги поделија со жрепки, едните и другите, зашто посветените кнезови и Божјите кнезови беа и од Елеазаровите синови и од Итамаровите синови. 6 Ги запиша Натанаиловиот син Семај, писар од Левиевото племе, пред царот, пред кнезовите, пред свештеникот Садок, пред Авијатаровиот син Ахимелех, пред главатарите на семејствата сред свештениците и левитите, земајќи по едно семејство за Елеазар, а пак по едно за Итамар. 7 Првата жрепка падна на Јојарив, втората на Једај, 8 третата на Харим, четвртата на Сеорим, 9 петтата на Малхиј, шестата на Мејамин, 10 седмата на Акос, осмата на Авиј, 11 деветтата на Исуј, десеттата на Сеханиј, 12 единаесеттата на Елијасив, дванаесеттата на Јаким, 13 тринаесеттата на Уфа, четиринаесеттата на Есевав, 14 петнаесеттата на Вилга, шеснаесеттата на Имир, 15 седумнаесеттата на Езир, осумнаесеттата на Афисис, 16 деветнаесеттата на Петај, дваесеттата на Езекил, 17 дваесет и првата на Јахин, дваесет и втората на Гамул, 18 дваесет и третата на Делај, дваесет и четвртата на Мазиј. 19 Тоа е нивниот ред во службата по кој треба да одат во Господовиот Дом, според своето правило, примено од татка им Арон, како што му заповеда Господ, Израелевиот Бог. 20 Од другите левиеви синови од Амрамовите синови беше Суваил; од Суваиловите синови Једај; 21 од Реавиј, од Реавиевите синови главатарот Есиј; 22 од Исаровците Селомот; од Селомотовите синови Јат. 23 Ериниите синови: втор Амариј, трет Јазил, четвртиот Јекамеам. 24 Од Узиловите синови Миха; од Михините синови Самир. 25 Михиниот брат Есиј; од Есиевите синови Захариј; 26 Мерариеви синови: Малиј и Мусиј: синови на Јазиј; Вено. 27 Мерариеви синови од Јазиј, неговиот син: Соам, Захур и Ивриј; 28 од Малија Елеазар, кој немаше деца; 29 од Кис, Кисови синови, Ерамеил. 30 Мусиеви синови: Малиј, Едер и Јеремот. Тоа беа левитските синови според своите семејства. 31 И тие фрлаа жрепки како и нивните роднини, Ароновите синови, пред царот Давид, пред Садок, пред Ахимелех и пред семејните главатари, сред свештениците и левитите, и тоа еднакво главатарот на семејството како и неговиот најмал брат.
1 Давид со воените заповедници ги избра за служба Асафовите, Емановите и Једутуновите синови, кои ќе пејат восхитувачки пофалби со гуслиња, псалтири и кимвали; меѓу нив беа изброени луѓето за работа во својата служба: 2 од Асафовите синови: Захур, Јосиф, Нетаниј и Асарил; Асафови синови под раководство на Асаф, кој пееше восхитувачки пофалба по царска наредба. 3 Од Једутун: шесте Једутунови синови: Гедалиј, Сориј, Есаиј, Симеј, Асавиј и Мататиј под управа на својот татко Једутун, кој пееше восхитувачка пофалба со гусле славејќи Го и фалејќи Го Господа. 4 Од Еман: Емановите синови: Вукиј, Матаниј, Озил, Севуил, Еримот, Ананиј, Елијат, Гидалтиј, Ромамти-Езер, Јосвекас, Малотиј, Отир, Мазиот. 5 Сите тие му беа синови на царскиот гледач Еман, кој ги објавуваше Божјите работи за да ја возвиси Неговата сила; а Бог му даде на Емана четиринаесет синови и три ќерки. 6 Сите тие под водство на својот татко Асаф, та Једутун и Еман, пееја во Господовиот Дом, со кимвали, псалтири и гуслиња, по царска повелба. 7 Беа, со нивните браќа, извежбани во пеење на Господови песни, двеста осумдесет и осум, сите беа вешти во тоа. 8 Фрлија жрепки за својата службена должност, најмалиот исто како и најголемиот, учителот како и ученикот. 9 Првата жрепка падна на Асафовиот Јосиф, втората на Гедалиј со неговите браќа и со синовите, нив дванаесет; 10 третата на Захур со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 11 четвртата на Исриј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 12 петтата на Нетаниј со неговите синови и со браќата, нив дванаесет; 13 шестата на Вукиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 14 седмата на Есарил со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 15 осмата на Есаиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 16 деветтата на Матаниј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 17 десеттата на Симеј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 18 единаесеттата на Азереил со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 19 дванаесеттата на Асавиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 20 тринаесеттата на Суваил со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 21 четиринаесеттата на Мататиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 22 петнаесеттата на Еремот со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 23 шеснаесеттата на Ананиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 24 седумнаесеттата на Јосвекас со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 25 осумнаесеттата на Ананиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 26 деветнаесеттата на Малотиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 27 дваесеттата на Елијат со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 28 дваесет и првата на Отир со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 29 дваесет и втората на Гидалтиј со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 30 дваесет и третата на Мазиот со неговите синови и браќа, нив дванаесет; 31 дваесет и четвртата на Ромамти-Езер со неговите синови и браќа, нив дванаесет.
1 Вратарски редови беа: Од Кореевците: Кореевиот син Меселимиј меѓу Асафовите синови; 2 а Меселимиевите синови: првенецот Захариј, вториот Једијаил, третиот Зевадиј, четвртиот Јатнил, 3 петтиот Ела, шестиот Јоанан, седмиот Елијоенај. 4 Синови Овид-Едомови: првенецот Семај, вториот Јозавад, третиот Јоах, четвртиот Сахар, а петтиот Натанаил, 5 шестиот Амил, седмиот Исахар, осмиот Феултај, зашто Го благослови Бог; 6 а на неговиот син Семај му се родија синови, кои беа главатари во семејството, зашто беа храбри луѓе. 7 Синови на Семај беа: Готни, Рафаил, Овид, Елзавад со своите браќа, храбри луѓе, Елиуј и Семахиј. 8 Сите тие беа од Овид-Едомовите синови, тие и нивните синови и нивните браќа, храбри луѓе, способни за служба; беа шеесет и два од Овид-Едом. 9 Меселимиеви синови и браќа, храбри луѓе, беа осумнаесет. 10 Осини синови од Мерариевите синови: главатарот Симриј, иако не беше првенец, неговиот татко го постави за главатар; 11 вториот Хелкиј, третиот Тевалиј, четвртиот Захариј; сите синови и браќа на Ос беа тринаесет. 12 Ова се вратарските редови. Главатари на овие јунаци беа, како и нивните браќа, чувари во служба на Господовиот Дом. 13 Фрлаа жрепки, најмалиот како и најголемиот, по семејствата за секоја врата. 14 Жрепката на исток му падна на Селимиј; неговиот син Захариј беше мудар советник. Кога ги фрлија жрепките, му падна жрепката на север, 15 на Овид-Едом на југ; а на неговите синови на ризницата; 16 на Суфим и Ос на запад со Салехетската Врата, на патот што води кон нагорницата; стражата беше до стража. 17 Од исток четири на ден, од југ четири на ден; а кај ризницата по двајца. 18 На храмската приградба, од запад, четворица на нагорништето, двајца кај приградбата. 19 Тоа се вратарските редови меѓу Кореевите и Мерариевите синови. 20 Левити, нивни браќа, беа: Ахиј над ризницата на Божјиот Дом и над ризницата на посветените работи. 21 Ладанови синови, Гирсоновци по Ладан, главатари на семејствата на Ладан Гирсоновецот, беа Ехиловците. 22 Ехиловците Зетам и брат му Јоил беа настојатели над ризницата на Господовиот Дом. 23 Од Амровците, од Исаровците, од Хевроновците и од Озиловците беа: 24 Севуил, син на Мојсеевиот син Гирсон, надгледник над сокровиштето. 25 Неговите браќа од Елиезер: Реавиј, син му, неговиот син Есаиј, неговиот син Јорам, неговиот син Зихриј, неговиот син Селомит. 26 Тој Селомит со своите браќа беше одговорен за сето сокровиште на посветените работи, кои ги посвети царот Давид со семејните главатари, со стотниците и со воените заповедници. 27 Посветија дел од воениот плен за да зајакне Господовиот Дом. 28 Сè што беа посветиле гледачот Самоил, Кисовиот син Саул, Нировиот син Авенир и Серуиниот син Јоав, сè посветено, беше под надгледништво на Селомит и на неговите браќа. 29 Исаровците Хенаниј и неговите синови беа над светските работи како надгледувачи и судии во Израел. 30 Хевроновците Асавиј и неговите браќа, илјада и седум стотини храбри луѓе, управуваа со Израел од оваа страна на Јордан кон запад во секоја Господова работа и во царската служба. 31 Главатар на Хевроновците беше Јериј. Во четириесеттата година на Давидовото царување ги побараа семејните родословија на Хевроновците, и се најдоа меѓу нив храбри луѓе во Галадскиот Јазир. 32 Неговите браќа, храбри луге, беа две илјади и седум стотини семејни главатари; цар Давид ги постави над Рувимовото и над Гадовото племе и над половината Манасиево племе за сите Божји дела и за царските дела.
1 Израелевите синови според својот број. Главатарите на семејствата, илјадниците, стотниците и надгледувачите му служеа на царот во секоја работа. Доаѓаа и си одеа во одреди од месец до месец, во сите годишни месеци; секој одред имаше дваесет и четири илјади луѓе. 2 Над првиот одред, во првиот месец, беше синот Завдилов Јасовеам. Во својот одред имаше дваесет и четири илјади луѓе. 3 Им припаѓаше на Фаресовите синови и беше заповедник на сите военачалници во војската на првиот месец. 4 Над одредот во вториот месец беше Ахошецот Додај, а военачалник во неговиот одред беше Миклот. Во својот одред имаше дваесет и четири илјади луѓе. 5 Военачалник на третата војска, на третиот месец, беше синот на свештеникот Јодај, главатарот Венај. Во својот одред имаше дваесет и четири илјади. 6 Тој Венај беше јунак меѓу трисетмината и над триесетмината, и во неговиот одред беше син му Амизавад. 7 Четвртиот, во четвртиот месец, беше братот Јоавов Асаил, а по него син му Зевадиј. Во својот одред имаше дваесет и четири илјади. 8 Петтиот, во петтиот месец, беше военачалник Езраелецот Самут, и во неговиот одред беа дваесет и четири илјади. 9 Шести, во шестиот месец, беше Икисовиот син Ира, Текоанец. 10 Седмиот, во седмиот месец, беше Фелонецот Хелис, од Ефремовите синови. Во својот ред имаше дваесет и четири илјади. 11 Осмиот, во осмиот месец, беше Хусатецот Сивехај, Зариевец. Во својот ред имаше дваесет и четири илјади. 12 Деветтиот, во деветтиот месец, беше Анатотецот Авиезер, Венијаминец. Во својот одред имаше дваесет и четири илјади. 13 Десеттиот, во десеттиот месец, беше Нетофатецот Марај, Зариевец. Во својот ред имаше дваесет и четири илјади. 14 Единаесеттиот, во единаесеттиот месец, беше Фаратонецот Венај, Ефремовец. Во својот ред имаше дваесет и четири илјади. 15 Дванаесеттиот, во дванаесеттиот месец, беше Нетофатецот Хелдај, Готонилец. Во својот одред имаше дваесет и четири илјади. 16 Над Израелевите племиња кнезови беа: над Рувимовото Зихриевиот син кнезот Елиезер; над Симеоновото Машиниот син Сефатиј; 17 над Левиевото Кемуиловиот син Асавиј; над Ароновото Садок; 18 над Јудиното Елуиј од Давидовите браќа; над Исахаровото синот Михаилов Амриј; 19 над Завулоновото синот на Овадиј, Исмај; над Нефталимовото Јеремот, синот Азрилов. 20 Над Ефремовите синови Исус синот Азазиев; над половината Манасиево племе Федаиниот син Јоил, 21 над втората половина на Манасиевото племе во Галад синот Захариев Идо; над Венијаминовото Авенировиот син Јасил. 22 Над Дановото Јероамовиот син Азареил. Тоа беа кнезовите над израелските племиња. 23 Но Давид не даде да ги пребројат оние на кои им беа дваесет години и помалку, зашто Господ беше рекол дека ќе ги умножи како небеските ѕвезди. 24 Серуиниот син Јоав почна да врши попис, но не го заврши. Затоа гневот дојде врз Израел, и затоа тој број не беше примен во бројниот извештај на Летописот на царот Давид. 25 Настојател над царското сокровиште беше Адиловиот син Азмавет, а настојател над ризницата во земјата, во градовите, во селата и во тврдините, беше Озииниот син Јонатан. 26 Надгледувач над полските работници, кои ја обработуваа земјата, беше Езриј синот Хелувов. 27 Надгледувач над лозарите Раматецот Симеј. Надгледувач над приходот на лозјата, за внесување на вино, беше Сифмеецот Завдиј. 28 Надгледувач над маслинките и над црниците што се во Шефел беше Гедерецот Валанин; надгледувач над складиштата за масло Јоас. 29 Надгледувач над говедата што пасеа во Сарон беше Саронецот Ситрај. Надгледувач над крупниот добиток во долините беше Адлаевиот син Сафат. 30 Надгледувач над камилите Исмаилецот Овил. Надгледувач над магарињата Меронотецот Једај. 31 Надгледувач над ситниот добиток (овците) Агарецот Јазиз. Сите тие беа настојатели над имотот на царот Давид. 32 Советник беше Давидовиот стрико Јонатан, мудар човек; беше и книжевник; а Ахмониевиот син Јехил беше со царските синови. 33 Ахитофел беше царски советник, Архиецот Хусај царев пријател. 34 Ахитофела го наследија Венаиниот син Јодај и Авијатар, Јоав беше царев военачалник.
1 Давид ги собра во Ерусалим сите израелски кнезови, племенските кнезови и главатарите на одредите кои му служеа на царот, илјадниците, стотниците и надгледувачите над сиот имот и над царевото богатство и над благото на неговите синови, заедно со дворјанците и јунаците, со сите храбри војници. 2 Станувајќи на нозе, царот Давид рече: „Чујте ме, браќа мои и народе мој! Јас намислив во своето срце да изградам дом каде би почивал Ковчегот на Господовиот Завет и за да биде подножје на нозете на нашиот Бог, та подготвив што е потребно за градењето. 3 Но Бог ми рече: ‘Ти не ќе изградиш Дом на Моето Име, зашто си воин и пролеваше крв.’ 4 Господ, Израелевиот Бог, ме избра мене од сиот мој род за да бидам цар над Израел засекогаш; зашто го избра Јуда за кнез, а од Јудиниот дом домот на мојот татко; од синовите на мојот татко Му беше драго да ме постави мене цар над сиот Израел. 5 Така од моите синови, зашто Господ ми даде многу синови, го избра мојот син Соломон да седи на престолот на Господовото царство над Израел. 6 И ми рече: ‘Твојот син Соломон ќе Ми ги изгради Мене Мојот Дом и Моите дворови; зашто него си го избрав за син, и Јас ќе Му бидам Татко. 7 Ќе го утврдам неговото царство за секогаш ако ги врши постојано Моите заповеди и Моите закони како денес .’ 8 И така, сега, пред очите на сиот Израел, на Господовиот собир, и пред својот Бог, Кој нè слуша, велам: пазете ги и барајте ги сите заповеди на Господа, својот Бог, за да ја задржите во сопственост оваа добра земја и за да им ја оставите во наследство на своите синови по себе довека.” 9 ”А ти, сине мој Соломоне, познај Го Бога, својот Татко, и служи Му со сето срце и со драговолна душа, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери; ако Го бараш, ќе биде најден од тебе; ако Го оставиш, ќе те отфрли засекогаш. 10 Разбери сега дека Господ те избра за да градиш Дом за Светилиштето, биди јунак и работи!” 11 Тогаш Давид му го предаде на својот син Соломона нацртот на тремот, на неговите куќи, на ризницата, на горниците, на внатрешните соби и на Домот за Ковчегот; 12 нацртот на сè што му дојде преку Духот за дворовите на Господовиот Дом, за сите соби наоколу, за сокровиштето на Божјиот Дом, за ризницата на посветените работи, 13 за свештеничките и левитските редови, за секоја службена работа во Господовиот Дом и за сите службени садови во Господовиот Дом: 14 злато во прачки, злато потребно за сите златни посатки на оваа или онаа служба; сребро во прачки потребно за сите сребрени посатки, за сите посатки на оваа или онаа служба; 15 прачки за златни светилници со златни светилки, според тежината на секој светилник и на неговите светилки, и за сребрените светилници според тежината на секој светилник и на неговите светилки, според намената на секој светилник; 16 злато во прачки за столовите на кои ќе стојат лебните приноси, за секој стол; сребро за сребрените столовите, 17 за вилушки и за котлиња, за садови од чисто злато, за златни чаши, злато во прачки за секоја чаша; за сребрени чаши, сребро во шипки за секоја чаша, 18 за кадилниот жртвеник пречистено злато во прачки; за нацртот на колата со златни херуви кои ќе го засолнуваат Господовиот Ковчег на Заветот со раширени крилја. 19 ”Сè тоа - рече Давид - во склад со она што Господ ми даде да напишам со сопствена рака, за да Го објасни целото дело за кое Тој набави нацрт.” 20 Тогаш Давид му рече на својот син Соломон: „Биди јунак и храбар, и работи! Не бој се и не плаши се, зашто Господ, Бог, мојот Бог, ќе биде со тебе! Не ќе те напушти ниту ќе те остави додека не ја свршиш сета работа за служба околу Господовиот Дом; 21 Еве ги свештеничките и левитските редови за секаква служба во Божјиот Дом; имаш покрај себе за секоја работа секакви луѓе, подготвени и вешти за секоја служба, кнезовите и сиот народ се под твое заповедништво.”
1 Царот Давид му рече на сиот собир: „Бог го избра мојот син Соломон, младо и нежно момче, а ова е голема работа, зашто дворецот нема да биде за човек, туку за Господ Бог. 2 Подготвив колку што можев, за Домот на својот Бог: злато за златните работи и сребро за сребрените, бронза за бронзените, железо за железните, дрво за дрвените; ониксови камења и бесцени камења за всадување, бесцени камења за украс и шарени бесцени камења, секакви скапоцени камења, и изобилство мермер. 3 Од љубов кон Бога уште го давам и своето злато и сребро, освен сè што подготвив за светиот Дом. 4 Три илјади златни таланти офирско злато и седум илјади таланти чисто сребро, за да бидат обложени ѕидовите на просториите. 5 Злато за златните работи, а среброто за сребрените и за секое дело на уметнички раце. Дали денес уште некој сака да Му приложи нешто со својата рака на Господа?” 6 Тогаш доброволно приложија кнезовите на семејствата и кнезовите на израелските племиња, илјадниците, стотниците и надгледувачите над царските работи. 7 Дадоа за служба во Божјиот Дом пет илјади таланти злато и десет илјади златници - драхми, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бронза, сто илјади таланти железо. 8 Во кого се најдоа бесцени камења, сите даруваа во ризницата на Господовиот Дом, на рацете на Гирсоновецот Јехил. 9 Народот се веселеше зашто прилагаа доброволно, зашто Му прилагаа со искрено срце на Господа; и царот Давид се радуваше многу. 10 Потоа Давид Го благослови Господа пред сиот собир. И Давид рече: „Благословен да си, Господи, Боже на нашиот татко Израел, одвека довека! 11 Твоја е, Господи, величината, силата, славата, сјајот и величеството, зашто е Твое сè што е на небото и на земјата; Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сè, Главатар на сè! 12 Од Тебе се богатсвото и славата, Ти владееш над сите, во Твојата рака се силата и моќта, во Твојата власт е да направиш големо и силно сè. 13 И Те славиме, Боже наш, и Го фалиме Твоето славно Име.” 14 ”Кој сум јас, и што е мојот народ, за да имаме сила да Ти принесеме Тебе доброволно оволку? Од Тебе е сè, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе! 15 Придојденици сме пред Тебе, населници како сите наши татковци; нашите денови на земјата минуваат како сенка, и нема надеж. 16 Господи, Боже наш, сето ова големо богатство што го подготвивме за градење на Дом за Тебе, за Твоето свето Име, од Твојата рака е, и сè е Твое! 17 Но знам, о Боже мој, дека Ти ги испитуваш срцата и дека ја љубиш искреноста; јас го принесов сè ова доброволно со искрено срце, и со радост го гледав Твојот народ, кој е тука, како Ти принесува доброволно. 18 Господе, Боже на нашите татковци Авраам, Исак и Јаков, запази ја довека во срцето на Својот народ таа мисла и намера и насочи го неговото срце кон Себе! 19 А на мојот син Соломон дај му чесно срце за да ги пази Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите уредби, за да врши сè и за да го изгради дворецот за кого подготвив сè!” 20 Тогаш Давид му рече на сиот собир: „Благословете Го сега Господа, својот Бог!” И сиот собир Го благослови Господа, Бога на своите татковци и, откако падна ничкум, им се поклони на Господа и на царот. 21 Му жртвуваа на Господа жртви и Му принесоа на Господа паленици утреден: илјада јунци, илјада овни, илјада јагниња со нивните налевници, многу други жртви за сиот Израел. 22 Јадеа и пиеја пред Господа во оној ден, радувајќи се многу. Го зацарија повторно Давидовиот син Соломон и го помазаа според Господовата волја за врховен управител, а Садок за свештеник. 23 Така Соломон седна на Господовиот престол за да царува на место на својот татко Давид. Беше среќен, и сиот Израел го слушаше. 24 Сите кнезови и јунаци, и сите синови на цар Давид, му ја подадоа раката на Соломон и му ветија свечено покорност. 25 Господ го возвиши многу Соломона пред очите на сиот Израел и му даде на неговото царство величество какво немаше ниеден цар пред него во Израел. 26 Така Јесеевиот син Давид царуваше над сиот Израел. 27 Царуваше четириесет години над Израел; царуваше седум години во Хеврон; царуваше триесет и три години во Ерусалим. 28 Почина во добра старост, наситен од животот, од богатството и од славата. На неговото место се зацари син му Соломон. 29 Делата на царот Давид, од првото до последното, опишани се во записите на гледачот Самоил, во записот на пророкот Натан и во записот на гледачот Гад, 30 со сето негово царување, со неговите јунаштва и со настаните што поминаа преку него, и преку Израел, и преку сите други земни царства.
1 Соломон, синот Давидов, беше се зацврстил на престолот. Господ, неговиот Бог, беше со него и го возвиши многу. 2 Тогаш Соломон му се обрати на сиот Израел, на илјадниците, на стотниците, на судиите, на сите израелски кнезови, на главите на семејствата, 3 та Соломон и сиот собир со него се искачија на возвишението кое беше во Гаваон, зашто таму беше Шаторот на средбата што го подигна Мојсеј, слугата Божји, во пустината. 4 Давид го пренесе Божјиот Ковчег од Киријат-Јарим до местото што самиот го подготви за него; зашто беше подигнал Шатор во Ерусалим. 5 Бронзениот жртвеник што го направи Веселеил, синот на Оровиот син Уриј, беше таму пред Господовиот Шатор, каде дојдоа Соломон и собирот за да му се обратат. 6 Таму пред Господа Соломон се искачи при бронзениот жртвеник, кој беше веднаш до Шаторот на средбата, и принесе врз него илјада паленици. 7 Истата ноќ Бог му се јави на Соломона и му рече: „Барај што да ти дадам.” 8 Соломон одговори: „Мошне наклонет Му беше на мојот татко Давид, и ме зацари мене на неговото место. 9 Боже Господе, нека се исполни сега ветувањето што Му го даде на мојот татко Давид, зашто ме зацари над народот што го има многу како земниот прав. 10 Дај ми сега мудрост и знаење за да можам да управувам со овој народ, зашто кој ќе управува со толкав народ како што е овој, Твојот!” 11 Бог му рече на Соломона: „Бидејќи тоа ти е во срцето, а не бараше ни богатство, ни благо, ни слава, ни смртта на непријателите, и зашто не бараше долг живот, туку мудрост и знаење како би управувал со Мојот народ над кој те зацарив, ти давам мудрост и знаење. 12 Но ти давам и богатство, благо и слава какви немаше ниеден цар што бил пред тебе и какви не ќе имаат ни оние кои ќе дојдат после тебе.” 13 Соломон од возвишението во Гаваон отиде во Ерусалим, подалеку од Шаторот на средбата, и царуваше над Израел. 14 Собра бојни коли и коњаници: имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњаници, и ги размести по градовите каде што му беа колите и кај себе во Ерусалим. 15 Соломон направи да има сребро и злато во Ерусалим изобилно како камења, а кедрови дрва многу како црници во Шефел. 16 Соломоновите коњи беа внесени од Египет и од Кеве, а царските трговци ги купуваа за пари. 17 Се донесуваше и се продаваше една бојна кола од Египет по шест стотини сребрени шекели, а коњите по сто и педесет; тоа беше исто така за сите хетитски и арамејски цареви, кои ги увезуваа преку нив.
1 Соломон науми да изгради Дом - еден на Господовото Име, а вториот за себе за царски дворец. 2 Изброи седумдесет илјади носачи, осумдесет илјади каменоделци во гората и три илјади и шест стотини надгеледувачи. 3 Тогаш му ја испрати оваа порака на Хирам, тирскиот цар: „Како што му праќаше на татака ми Давид кедри за да гради дом каде ќе живее, така стори ми и мене. 4 Наумив да Му подигнам Дом на Името на Господа, својот Бог, и да Му го посветам, за да се дига пред Него благомирисен темјан, за да се поставуваат секогаш лебови, за да се принесуваат паленици наутро и навечер, во саботите, во деновите на млад месец и во празниците на Господа, нашиот Бог; и така да остане засекогаш во Израел. 5 Домот што ќе го изградам ќе биде голем, зашто нашиот Бог е поголем од сите богови. 6 Та кој би имал достатно сила за да Му создаде Дом кога не можат да Го опфатат ни небесата ни небесата над небесата? И кој сум јас за да Му ѕидам Дом, освен затоа за да Му се издига кадеж пред лицето? 7 Испрати ми човек вешт во обработка на злато, сребро, бронза, железо, црвено сукно, сино и љубичесто, и вешт во уметноста на копаничарство; ќе работи со ракотворците кај мене во Јуда и во Ерусалим, со оние што ми ги остави мојот татко Давид. 8 Испрати ми од Ливан кедри, чемпреси и алгуми, зашто знам дека твоите слуги умеат да ги сечат ливанските дрва. Моите слуги ќе работат со твоите. 9 Ќе треба да ми подготват многу дрва, зашто куќата што мислам да ја градам ќе биде многу голема и величествена. 10 На дрвосечачите што ќе ги оборуваат дрвата им давам дваесет илјади кори пченица, дваесет илјади кори јачмен, дваесет илјади вати вино и дваесет илјади вати масло, за издржување на твоите слуги.” 11 Хирам, тирскиот цар, одговори со писмо што му го испрати на Соломона: „Затоа што Го љуби Својот народ, Господ те зацари над него.” 12 Го додаде уште и ова: „Господ, Израелевиот Бог, Кој ги создаде небесата и земјата, нека те благослови! Тој му даде на царот Давид мудар, умен и разумен син кој ќе гради еден Дом за Господа, а вториот за себе за да царува од него. 13 Затоа ти праќам мудар, вешт и разумен човек, Хирам Авив, 14 син на една Дановите ќерки и на татко Тирец. Умее да обработува злато, сребро, бронза, железо, камен, дрво, црвено сукно, љубичеста свилена ткаеница, тенко платно и отворено-црвено сукно, умее да реже секакви копаничарства и да замисли секакво дело што ќе му се довери. Тој ќе работи со твоите уметници и со уметниците на мојот господар Давид, твојот татко. 15 И така, сега мојот господар нека им испрати на своите слуги пченица, јачмен, масло и вино како што вети. 16 А ние ќе насечеме стебла од Ливан колку што ти треба, и ќе ги довеземе на сплавови по море во Јафа, а ти превези ги горе во Ерусалим.” 17 Соломон ги преброи сите странци кои се затекнаа во Израелевата Земја по пописот што го беше спровел неговиот татко Давид, и ги најде сто педесет и три илјади и шест стотини. 18 Од нив одреди седумдесет илјади носачи, осумдесет илјади каменоделци во планината, три илјади и шест стотини луѓе за да управуваат со работата на народот.
1 Тогаш Соломон почна да Му гради Дом на Господа во Ерусалим, на Моривската Гора, таму каде што неговиот татко Давид имаше предвид. Тоа е местото што го подготви Давид, гумното на Евусеецот Орнан. 2 Соломон го почна градењето во вториот ден на вториот месец на четвртата година од своето владеење. 3 Ова се основите што Соломон ги постави за градењето на Божјиот Дом: шеесет лакти во должина - по старата мерка на лактот - а во широчина дваесет лакти. 4 Тремот, што беше пред Домот, имаше, по широчината на овој последниот, а во должина дваесет лакти, а висок беше сто и дваесет лакти. Го обложи внатре со чисто злато. 5 Големата дворница ја обложи со кедри, што ги покри со чисто злато и изработи врз нив палми и цветни венци. 6 Потоа ја украси дворницата со блескави бесцени камења; златото беше парваимско злато. 7 Со него ја покри дворницата: гредите, праговите и крилата на вратите та изваја херувими по ѕидовите. 8 Потоа ја создаде дворницата на Светината над светините. Беше, според храмската широчина, долга дваесет лакти и широка дваесет лакти, и ја обложи со шест стотини таланти чисто злато. 9 За клинците даде на мерка педесет златни сикли. И горните соби ги обложи со злато. 10 Во дворницата на Светината над светините направи два херувими, леано дело. И нив ги обложи со злато. 11 Крилата на херувимите беа долги дваесет лакти: едното крило од пет лакти го допираше храмскиот ѕид, а второто од пет лакти го допираше крилото на другиот херувим. 12 Така и крилото на вториот херувим, од пет лакти, го допираше ѕидот на Домот. Другото крило, од пет лакти, се спојуваше со крилото на другиот херувим. 13 Раширените крила на херувимите имаа дваесет лакти. Херувимите стоеја простум, со лицата свртени кон Домот. 14 Направи завеса од љубичеста свилена ткаенина, од црвено сукно, од отворено-црвено сукно и од лесно платно, та врз нив извезе херувими. 15 Пред Домот направи два столба долги триесет и пет лакти, а нивните главчиња на врвот по пет лакти. 16 Во Девира тој сплете венци та ги постави на врвот на столбовите и направи сто калинки кои ги постави меѓу венците. 17 Ги постави столбовите пред Храмот, едниот оддесно, другиот одлево, та го нарече Јахин оној оддесно, а Воас оној одлево.
1 Направи бронзен жртвеник долг дваесет лакти, широк дваесет и висок десет. 2 Тогаш излеа море што од работ до работ мереше десет лакти; беше кружно наоколу, високо пет лакти, а во опфат, мерено со врвца, имаше триесет лакти. 3 Под него беа воловски ликови што го опашуваа наоколу. Беа по десет на еден лакт, та го опкружуваа морето наоколу; два реда од тие волови беа излеани со морето. 4 Морето стоеше на дванаесет волови; три гледаа на север, три на запад, три на југ, три на исток; морето стоеше на нив, и сите беа свртени со задниот дел кон внатре. 5 Беше дебело една дланка, работ му беше како раб на чаша, како лилјанов цвет, а можеше да прими три илјади вати. 6 Направи десет мијалници и ги постави пет оддесно, пет одлево за да се мие во нив; во нив го миеја тоа што требаше за палениците; морето им беше наменето на свештениците за да се мијат во него. 7 Направи десет златни светилници според прописот и ги стави во Храмот, пет оддесно, пет одлево. 8 Тогаш направи десет столови и ги постави во Храмот, пет оддесно, а пет одлево. Направи сто златни котлиња. 9 Тогаш направи свештенички трем, голем двор со врати што ги покри со бронза. 10 Го стави морето од десната страна кон југоисток. 11 Хирам направи грнчиња, лопати и котлиња. Ја приврши сета работа што му ја правеше на царот Соломон за Божјиот Дом: 12 два столба; две главчиња што беа на врвот на столбовите; две мрежи за да ги покријат двете главчиња што беа на врвот на столбовите; 13 четири стотини калинки за двете мрежи; два реда калинки за секоја мрежа, за да ги покријат двете главчиња на врвот на столбовите; 14 десет подножја и десет мијалници на подножјата; 15 едно море и дванаесет волови под него; 16 грнчиња, лопати, вилушки и сиот прибор за нив му ги направи од бронза Хирам Авив на царот Соломон за Господовиот Дом. 17 Царот нареди да ги излеат во Јорданската Рамница, кај глинената земја, меѓу Сокхот и Саридат. 18 Соломон направи толку многу од тие предмети да не можеше да се измери тежината на бронзата. 19 Тогаш ги направи сите предмети наменети за Божјиот Дом: златниот жртвеник и столбовите на кои беа принесените лебови, 20 златните светилници со светилките од чисто злато што требаа, според прописот, да се палат пред Најсветото место; 21 цветовите, светилките и ножиците од злато; тоа беше чисто злато; 22 ножиците, котлињата, машичките и кадилниците од чисто злато; влезот во Домот, внатрешната врата на Светината над светините, и вратата на Храмот во Светилиштето, беа златни.
1 Така беше доведена кон крај работата што Соломон ја сврши за Господовиот Дом. Соломон ги внесе сите свети дарови на татака си Давида - среброто, златото и сите посатки - и ги стави во ризницата на Божјиот Дом. 2 Тогаш Соломон ги свика во Ерусалим сите Израелеви старешини, племенските кнезови и семејните главатари, за да се пренесе Ковчегот на Господовиот Завет од Давидовиот Град, односно од Сион. 3 Сите Израелеви мажи се собраа пред царот на празникот што е во седмиот месец. 4 Кога се состанаа сите Израелеви старешини, левитите го зедоа со себе Ковчегот. 5 И ги пренесоа Ковчегот и Шаторот на средбата со сиот посветен прибор што беше во Шаторот; свештениците и левитите ги пренесоа. 6 Потоа царот Соломон и сета израелска заедница што се собра кај него жртвуваа пред Ковчегот толку овци и говеда што не можеа да се избројат ни да се оценат. 7 Свештениците го донесоа Ковчегот на Господовиот Завет на неговото место, во Дебирот на Домот, односно во Светината над светините, под крилата на херувимите. 8 Херувимите имаа раширени крила над местото каде стоеше Ковчегот, и го засолнуваа Ковчегот и неговите драгови. 9 Драговите беа толку долги што им се гледаа краевите од Светилиштето спроти Дебирот, ама не се гледаа од надвор, и таму стојат до денешен ден. 10 Во Ковчегот немаше ништо освен двете плочи кои ги стави Мојсеј на Хорив, каде Господ склучи Завет со Израелците откако излегоа од Египет. 11 Сите свештеници излегоа од Светилиштето, зашто сите присутни свештеници се посветија без обѕир на редовите. 12 Сите левитски пејачи, Асаф, Јеман и Једутун со синовите и со браќата, стоеја облечени во тенко платно, со кимвали, со псалтири и со гуслиња, источно од жртвеникот, а со нив сто и дваесет свештеници кои трубеа во труби. 13 И додека свиреа и пееја сложно како еден и едногласно Го фалеа и Го славеа Господа, подигајќи го гласот покрај трубите, кимвалите и покрај другите свирки, фалејќи Го Господа „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов”, облак го исполни Господовиот Дом. 14 Свештениците не можеа да ја продолжат службата од облакот: Господовата слава го исполни Божјиот Дом!
1 Тогаш Соломон рече: „Господ рече дека Тој ќе пребива во темен облак; 2 а јас Ти изградив возвишен Дом, место, за Твое вечно престојување! „ 3 И, откако се сврте, царот го благослови целиот израелски собир, а целиот израелски собир стоеше. 4 Тој рече: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој го исполни со Својата рака ветувањето што со Својата уста му го даде на мојот татко Давид, велејќи: 5 ’Од денот кога Го изведов Својот народ од Египетската Земја не избрав град меѓу ниедно израелево племе за да се изгради во него Дом, каде би престојувало Моето Име, ниту избрав некого за да владее над Мојот Израелски народ. 6 Но Јас го избрав Ерусалим за да биде во него Моето Име и го избрав Давида за да заповеда со Мојот Израелски народ.’ 7 Татко ми Давид науми да Му подигне Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог, 8 но Господ му рече: ‘Си наумил да Му подигнеш Дом на Моето Име, и добро направи, 9 ама ти нема да го подигнеш тој Дом, туку твојот син кој ќе излезе од твоето крило; тој ќе му подигне Дом на Моето Име.’ 10 Господ го исполни Своето ветување: го наследив таткото Давид и седнав на Израелевиот престол, како што вети Господ, му подигнав Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог, 11 и го наместив Ковчегот во кој е Заветот што Господ го склучи со Израелевите синови.” 12 Тогаш Соломон стапи, во присуство на сиот израелев собир, пред Господовиот жртвеник и ги рашири рацете. 13 Имено, Соломон имаше направено бронзено подножје, долго пет лакти и широко пет лакти, а високо три лакти, и го стави сред дворот; откако застана на него, клекна пред сето израелево собрание и, раширувајќи ги рацете кон небото, 14 рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни на земјата, Тебе, Кој им ги пазиш Заветот и љубовта на Твоите слуги, кои одат пред Тебе со сето свое срце. 15 На Твојот слуга Давид, на мојот татко, му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес. 16 Господи, Израелев Боже, сега исполни му на Својот слуга на татака ми Давида, што си му ветил кога си рекол: ‘Не ќе ти снема пред Мене наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ги пазат своите патишта, одејќи по Мојот закон, како што одеше ти пред Мене.’ 17 Господи, Израелев Боже, и така нека се исполни сега ветувањето што му го даде на Својот слуга Давид! 18 Ама зар навистина Бог ќе престојува со луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Те опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил! 19 Внимателно чуј ги молитвата и повикот на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги просењето и молитвата што Твојот слуга ја упатува кон Тебе! 20 Твоите очи нека бидат отворени над овој Дом дење и ноќе, над ова место за кое што рече дека во него ќе Го сместиш Своето Име. Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место. 21 И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, што ќе ја упатува на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата, послушај и смилувај се! 22 Ако некој згреши против ближниот и ако му биде наредено да се заколне и ако заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом, 23 Ти чуј ја од небото, подејствувај и суди им на Своите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите беззаконија врз неговата глава, а ослободи го невиниот постапувајќи со него според неговата невиност. 24 Ако непријателите го поразат Твојот народ зашто згрешил против Тебе, ама ако сепак се обрати кон Тебе и ако го прослави Твоето Име и ако се помоли и извика кон Тебе во овој Дом, 25 тогаш Ти чуј го од небото, прости му ги гревовите на Твојот Израелски народ и доведи го назад во земјата која им ја даде ним и на нивните татковци. 26 Ако небото се затвори и не падне дожд зашто згрешиле против Тебе, па ако Ти се помолат на ова место и ако го прослават Твоето Име, и ако се обратат од својот грев кога ќе ги понизиш Ти, 27 тогаш чуј од небото и прости им го гревот на Твоите слуги и на Твојот Израелски народ, покажувајќи му го добриот пат по кој ќе оди, и пушти дожд на земјата, која му ја даде на Твојот народ во наследство. 28 Кога во земјата ќе завладеат глад, помор, суша и гламница, кога ќе навалат скакулци и гасеници, кога непријателот на овој народ ќе притисне некоја од неговите врати, или кога ќе удри некоја друга неволја или болест, 29 чуј ја секоја молитва, секој извик од кој и да е човек, или од целиот Твој Израелски народ; ако секој почувствува болка во срцето и рашири раце кон овој Дом, 30 послушај им ги молитвата и нивниот повик во небото каде што престојуваш, и прости, и дај му секому според неговите патишта, зашто Ти го познаваш неговото срце; зашто Ти единствено ги проѕираш срцата на луѓето, 31 за да се бојат од Тебе одејќи по Твоите патишта додека живеат на земјата, што Ти им ја даде на нашите татковци. 32 Па и туѓинецот - кој не е од Твојот Израелски народ, туку стигнал од далечна земја заради величината на Твоето Име и заради Твојата силна рака и подигната мишка, ако дојде и ако се помоли во овој Дом, 33 послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови повици, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и да се бојат од Тебе како Твојот Израелски народ, и за да знаат дека Твоето Име е повикано над овој Дом, кој го изградив. 34 Кога Твојот народ ќе тргне против непријателот по патот по кој ќе го упатиш Ти и ако Ти се помоли Тебе, свртен кон градот што си Го избрал и кон Домот што му го подигнав на Твоето Име, 35 послушај ги од небото неговата молитва и неговото просење и направи што е потребно за него. 36 Кога ќе ти згрешат, зашто нема човек кој не греши, а ако Ти, откако ќе се разгневиш на нив, ќе ги предадеш на непријателите за да ги заробат и за да ги одведат како робје во далечна или блиска земја, 37 па ако се покајат со срцето во земјата во која ќе бидат одведени и ако почнат да Те молат за милост во земјата на своите освојувачи велејќи: ‘Згрешивме’, 38 и ако така Ти се обратат Тебе со сето срце и со сета душа во земјата на своето ропство во која ќе бидат доведени како робови, и ако се помолат свртени кон земјата, што Ти им ја даде на нивните татковци, и кон градот што го одбра, и кон Домот што јас му го подигнав на Твоето Име, 39 послушај ги од небото, каде престојуваш, нивната молба и нивното просење, направи им правда, и прости му на Твојот народ што ти згрешил. 40 Сега, Боже мој, Твоите очи нека бидат отворени и Твоите уши нека бидат внимателни на молитвите на ова место! 41 А сега, Господи Боже, стани во Твоето почивалиште, Ти и Ковчегот на Твојата сила, Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите свети нека се насладуваат со блага. 42 Господи Боже! Не свртувај го лицето од Твојот помазаник, спомни си за милостите што му ги даде на Твојот слуга Давид!”
1 Кога Соломон ја заврши молитвата, оган се спушти од небото и ги спали паленицата и закланиците, и Господовата слава го исполни Домот. 2 Свештениците не можеа да влезат, зашто Господовата слава го исполни Господовиот Дом. 3 Сите Израелеви синови, откако видоа дека огнот со Господовата слава се спушти на Домот, паднаа ничкум кон земјата до камениот под; поклонувајќи се, почнаа да Го слават Господа: „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов.” 4 Потоа царот и целиот народ почнаа да жртвуваат жртви пред Господа. 5 Царот Соломон принесе за жртва дваесет и две илјади говеда, сто и дваесет илјади овци; и така го осветија Господовиот Дом и царот и сиот народ. 6 Додека свештениците стоеја на должностите, левитите на свирките за Господовите песни, што ги состави царот Давид, Го славеа Господа „зашто е вечна Неговата љубов.” Со тоа Давид Го фалеше Господа преку нивните раце. Пред нив свештениците свиреа во рогови, додека Израелците стоеја. 7 Соломон ја освети и средината на дворот, кој е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник што го направи Соломон не можеше да ги собере палениците ни лебните приноси ни лојот. 8 Во тоа време Соломон го празнуваше празникот седум дена, и сиот Израел со него, мошне голем собир, од влезот во Хамат па до Египетскиот Поток. 9 А на осмиот ден го празнуваа свечениот собир, зашто осветувањето на жртвеникот го празнуваа седум дена, и празникот седум дена. 10 Во дваесет и третиот ден на седмиот месец ги испрати луѓето во нивните шатори, и си отидоа со весело и со задоволно срце заради доброто кое Господ им го направи на Давида и на Соломона и на сиот Израелски народ. 11 Така Соломон ги доврши Господовиот Дом и царскиот дворец и направи сè што имаше наумено во своето срце да го изврши во Господовиот Дом и во својот дворец. 12 Потоа Господ му се јави на Соломона ноќе и му рече: „Ја послушав твојата молитва и го избрав тоа место за да Ми биде Дом на жртвата. 13 Ако го затворам небото за да нема дожд, или ако им заповедам на скакулците за да ја испасат земјата, или ако пуштам помор меѓу Мојот народ, 14 и ако се смири Мојот народ, кој се наречува со Моето Име, и ако се помоли, и го побара Моето лице и ако се откаже од лошите патишта, Јас ќе го послушам тогаш од небото и ќе му го простам гревот и ќе му ја излечам земјата. 15 Моите очи ќе бидат отворени и Моите уши ќе бидат внимателни на молитвата од ова место. 16 И така, сега го избрав и го осветив овој Дом, за да биде тука Моето Име засекогаш, и тука ќе бидат во сите дни Моите очи и Моето срце. 17 А ти, ако одиш пред Мене како што одеше татко ти Давид, правејќи сè што ти заповедав и пазејќи ги Моите одредби и закони, 18 ќе го додржам твојот царски престол како што му ветив на твојот татко Давид, велејќи: ‘Не ќе ти потснема наследник, кој ќе владее во Израел.’” 19 ”Ама ако Ме оставите и ако ги напуштите одредбите и заповедите кои ви ги дадов, та отидете и почнете да им служите на туѓи богови и да им се клањате, 20 ќе ги истерам Израелците од Мојата земја што им ја дадов, и ќе го отфрлам од себе овој Дом, кој Му го посветив на Моето Име, и ќе направам од него приказна и срам меѓу сите народи. 21 Секој што ќе помине покрај овој Дом, кој беше преславен, ќе се вчудоневиди од ужас и ќе праша: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ 22 И ќе му биде одговорено: ‘Го оставија Господа, Бога на своите татковци, Кој ги изведе од Египет и се свртија кон туѓите богови, и им се клањаа, и им служеа, и затоа Господ го пушти на нив сето ова зло.’”
1 А кога поминаа дваесет години, за колку време Соломон ги подигна Господовиот Дом и својот дворец, 2 Соломон изгради градови, што му ги даде Хирам, и ги насели таму Израелевите синови. 3 Потоа Соломон отиде против Совскиот Емат и го освои. 4 Ги соѕида Тадмор и секакви места за складови во Емат. 5 Ги изгради и Горниот Вет Орон и Долниот Вет Орон, тврди градови со ѕидови, со врати и со лостови; 6 и Валат, и сите градови во кои што имаше складови, сите градови за воени коли и градовите за коњаниците, и сè што посака Соломон да гради во Ерусалим и во Ливан и по сета земја на своето царство. 7 А на сите кои останаа: од Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците, кои не беа Израелци, 8 на нивните синови кои останаа по нив во земјата и кои Израелците не ги сотреа - Соломон им наметна данок до денешниот ден. 9 Соломон не ги претворуваше Израелевите синови во робови за работа, туку беа воини, заповедници на неговите штитоносци и заповедници на бојните коли и на коњицата. 10 Беа главатари над управителите, кои ги имаше царот Соломон двеста и педесет, и управуваа со народот. 11 Соломон ја пресели и фараоновата ќерка од Давидовиот Град во домот што и го беше изградил, зашто мислеше: „Мојата жена не ќе живее во дворецот на израелскиот цар, зашто е свет откако во него дојде Господовиот Ковчег.” 12 Тогаш Соломон почна да Му принесува на Господа паленици на Господовиот жртвеник, што го беше изградил пред тремот, 13 и тоа колку што требаше од ден во ден да принесе по Мојсеевата заповед, во саботи, и на младите месечини, и на празниците трипати во годината, на празникот Бесквасни лебови, на празникот Седмици, и на празникот Сеници. 14 Ги постави, според уредбата на таткото Давид, свештеничките редови според нивната служба, и левитските по нивните должности, да слават со песни и да служат пред свештениците, колку што треба од ден во ден, и вратарите според нивните редови на секоја врата, зашто таква беше заповедта на Божјиот човек Давид. 15 Не отстапија од царевата повелба за свештениците и за левитите во ништо, ниту за сокровиштата. 16 Така се сврши сета Соломонова работа од денот кога беше положена основата на Господовиот Дом, па додека не го заврши. Така беше довршен Господовиот Дом. 17 Тогаш Соломон отиде во Есион-Гавер и во Елот на морскиот брег во Едомската Земја. 18 А Хирам му испрати преку слугите бродови и морнари вешти на морето, та отидоа со Соломоновите слуги во Офир; зедоа оттаму четири стотини и педесет таланти злато и му ги донесоа на царот Соломон.
1 Тогаш царицата на Сава чу глас за Соломона; сакајќи да го искуша Соломона со гатанки, дојде во Ерусалим со многубројна придружба и со камили што носеа мириси, многу злато и бесцени камења. Откако дојде кај Соломона, поразговара со него за сè што и беше на срце. 2 Соломон и одговори на сите прашања; ништо не му беше скриено на Соломона, за да не би умеел да и објасни. 3 Кога царицата од Сава ги виде: неговата мудрост, дворецот што го беше изградил, 4 јадењата на неговиот стол, седењето на неговите слуги и дворници, отменоста на неговите прислужници и нивните облеки, неговите виноподнесувачи, и неговите паленици кои ги принесуваше во Господовиот Дом, и застана здивот. 5 Тогаш му рече на царот: „Вистина е што чув за тебе и за твојата мудрост во својата земја. 6 Ама не сакав да верувам во тоа што се раскажува додека не дојдов и видов со своите очи; и навистина, не ми беше речено ни половина за твојата голема мудрост; го надмина гласот што го чув. 7 Блазе им на твоите луѓе и на твоите слуги, кои стојат пред тебе и ја слушаат твојата мудрост! 8 Нека е благословен Господ, твојот Бог, Кому му омиле толку па те поставил на Својот престол за да царуваш место Господа, својот Бог, зашто твојот Бог го љуби Израел за да го одржи довека; и затоа те постави тебе за цар за да правиш право и правда.” 9 Тогаш му даде на царот сто и дваесет златни таланти и многу мириси и бесцени камења. Никогаш веќе немаше такви благомириси какви што царицата од Сава му даде на царот Соломон. 10 Хирамовите слуги, кои донесуваа злато од Офир со Соломоновите слуги, исто така донесоа сандалово дрво и скапоцени камења. 11 Царот направи од тоа црвено дрво скали кон Господовиот Дом и кон царскиот дом, и гуслиња и псалтири за певците: никогаш порано не беа видени слични работи во Јудејската Земја. 12 Царот Соломон и даде на царицата од Сава сè што пожела и што посака, освен она што самата му го донесе на царот. Потоа таа тргна и со слугите си отиде во својата земја. 13 Златото што му доаѓаше на Соломона секоја година беше тешко шест стотини шеесет и шест златни таланти, 14 освен она што доаѓаше од трговците и од патувачките продавачи. И сите арабјански цареви и земни управители му донесуваа злато и сребро на Соломон. 15 Царот Соломон направи двеста штитови од ковано злато: за секој штит употреби шест стотини шекели ковано злато, 16 и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши триста златни шекели. Царот ги стави на чување во куќата наречена Ливанска Гора. 17 Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато. 18 Престолот имаше шест скали и златно подножје составено со престолот, и рачки од двете страни на престолот, а покрај рачките стоеја два лава. 19 Дванаесет лавови стоеја од двете страни на оние шест скали. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство. 20 Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата наречена Ливанска Гора беа од чисто злато; среброто беше сметано безвредно во Соломоновото време. 21 Царевите бродови одеа од Тарсис со Хирамовите слуги; се враќаа секоја трета година и допловуваа тарсиските бродови донесувајќи злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни. 22 Така царот Соломон ги надмина со богатство и со мудрост сите земни цареви. 23 Сите земни цареви имаа желба да го видат Соломона и да ја чујат мудроста што Бог му ја влеал во срцето. 24 Секој му донесуваше подарок, сребрени и златни посатки, облеки, оружје и мириси, коњи и мазги, од година во година. 25 Соломон имаше четири илјади коњски јасли и бојни коли, и дванаесет илјади коњаници, кои ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим. 26 Владееше над сите цареви од Реката до Филистејската Земја и до Египетската Меѓа. 27 Царот направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедрови дрва како диви смокви што растат во Јудејската Низина. 28 Соломон довезуваше коњи од Египет и од сите земји. 29 Другите Соломонови дела, од првите до последните, се запишани во книгата на пророкот Натан, во пророчкиот книжен свиток на Силомјанецот Ахиј и во пророчката беседа на гледачот Идо за Наватовиот син Јеровоам. 30 Соломон владееше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години. 31 Потоа почина кај татковците, и го погребаа во градот на татка му Давида, а на неговото место се зацари син му Ровоам.
1 Тогаш Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат. 2 Штом го чу тоа Јеровоам синот Наватов - кој беше во Египет каде беше побегнал пред царот Соломон - се врати од Египет, 3 зашто беа испратиле по него и го повикале. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собир, му рекоа на Ровоама: 4 „Твојот татко ни наметна тешко бреме, сега ти олесни ни ги тешката служба на својот татко и тешкото бреме што го сложи на нас, па ќе ти служиме.” 5 Тој им одговори: „По три дни дојдете пак кај мене.” И народот си отиде. 6 Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците, кои му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?” 7 А тие му одговорија: „Ако ги исполниш барањата на тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие ќе ти бидат слуги секогаш.” 8 Но тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со помладите, кои порастеа со него и му беа во служба. 9 Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ, кој ми рече: ‘Олесни ни го бремето што ни го наметна твојот татко!’” 10 Младите, кои беа порасле со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна бреме, а ти олесни ни го’ одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на мојот татко! 11 И така, мојот татко ви наметна тешко бреме, а јас ќе го зголемам вашето бреме; мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве бијам со камшици со железни штипци.’” 12 На третиот ден дојдоа Јеровоам и сиот народ кај Ровоам, зашто царот им беше наредил: „Вратете се кај мене на третиот ден.” 13 Царот им одговори остро; отфрлајќи го советот на постарите, 14 одговори по советот на младите: „Мојот татко ви го отежна вашето бреме, а јас уште ќе придадам врз него; мојот татко ве шибаше со камшици, а јас ќе ве шибам со камшици со железни штипци.” 15 И така, царот не сакаше да го послуша народот, зашто Бог среди така за да се исполни словото што му го кажа, преку Силомјанецот Ахиј, на Наватовиот син Јеровоам. 16 Кога Израелците видоа дека царот се прави дека не слуша, народот му одговори: „Каков дел имаме ние со Давида? Ние немаме наследство со Јесеевиот син! Во шаторите, Израелу! Сега, Давиде, грижи се за својот дом!” И сиот Израел си отиде под своите шатори. 17 Ровоам завладеа само над Израелевите синови, кои живееја по јудејските градови. 18 Потоа царот Ровоам го испрати Адорама, настојателот за данок, но Израелците го каменуваа, и тој умре; а царот Ровоам брзо се качи во колата та избега во Ерусалим. 19 Така Израел се оддели од Давидовиот дом сè до денес.
1 Откако дојде во Ерусалим, Ровоам го собра сиот Јудин и Венијаминов дом, сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да удрат на Израел и за да му го вратат царството на Ровоама. 2 Но Господовото слово му дојде на Божјиот човек Семај: 3 ”Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, јудејскиот цар, и на сите Израелци во Јудиното и Венијаминовото племе: 4 ’Господ вели вака: „Не одете да војувате со браќата! Нека секој се врати во својата куќа, зашто ова потекнува од Мене.”‘“ И тие го послушаа Господовото слово, се вратија, и не удрија на Јеровоам. 5 Ровоам, престолувајќи во Ерусалим, почна да подига цврсти градови по Јудеја. 6 Така ги изгради: Витлеем, Етам, Текуј, 7 Вет-Сур, Сохот, Одолам, 8 Гат, Мариса, Зиф, 9 Адораим, Лахис, Азика, 10 Сараја, Ејалон и Хеврон, тврди градови во Јудиното и во Венијаминовото племе. 11 Откако ги утврди градовите, им постави заповедници и довлече храна, масла и вина за чување; 12 во секој одделен град стави штитови и копја, и ги утврди мошне силно. Така тој ги имаше Јудиното и Венијаминовото племе. 13 Свештениците и левитите, кои беа по сиот Израел, пристапија кон него од сите краишта. 14 Левитите ги оставија пасиштата и имотот та отидоа во Јудеја и во Ерусалим, зашто Јеровоам и неговите синови ги отфрлија за да не Му вршат свештеничка служба на Господа, 15 а постави свештеници за себе на високи места, за јарците и за телињата што ги направи. 16 По нив доаѓаа од сите израелски племиња во Ерусалим за да Му жртвуваат на Господа, на Бога на своите татковци, оние кои го бараа со срцето Господа, Израелевиот Бог. 17 Така го утврдија Јудејското Царство и го охрабрија Соломоновиот син Ровоам за три години, зашто три години одеа по патот на Давид и Соломон. 18 Ровоам си ги зеде за жени: Маелета, ќерката на Давидовиот син Еримот, и Авихаила, ќерката на Јесеевиот син Елијав, 19 која му ги роди синовите: Еус, Самариј и Зама. 20 А по неа се ожени со Авесаломовата ќерка Маха, која му ги роди: Авиј, Атај, Зива и Селомит. 21 Ровоам ја љубеше Авесаломовата ќерка Маха повеќе од сите свои жени и соложнички, иако зеде осумнаесет жени и шеесет соложници и ако му се родија дваесет и осум синови и шеесет ќерки. 22 И Ровоам го постави Махиниот син Авиј за главатар и за кнез над неговите браќа, зашто беше наумил да го постави за цар. 23 И, работејќи мудро, ги размести синовите по сите Јудејски и Венијаминови краишта, по сите тврди градови, давајќи им храна во изобилство и женејќи ги со многу жени.
1 Кога Ровоам го зацврсти царството и зајакна, го напуштија Господовиот закон и тој и сиот Израел со него. 2 Но во петтата година на Ровоамовото царување египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим, затоа што тие отстапија од Господа. 3 Дојде со три илјади и двеста бојни коли и со шеесет илјади коњаници, а на народот кој дојде со него од Египет - на Либијците, Сухејците и Етиопците - му немаше број. 4 Откако ги освои тврдите јудејски градови, допре до Ерусалим. 5 Тогаш дојде пророкот Семај кај Ровоам и кај јудејските кнезови, кои што се беа собрале во Ерусалим бегајќи од Сисак, и им рече: „Господ вели вака: ‘Вие Ме оставивте Мене, па и Јас ве оставам во рацете на Сисак.’” 6 Тогаш израелските кнезови и царот се понижија, и рекоа: „Господ е праведен!” 7 Кога Господ виде дека се понижија, Неговото слово му дојде на Семај: „Се понижија; нема да ги уништам, туку скоро ќе им дадам спасение, та Мојот гнев нема да се обори на Ерусалим преку Сисака. 8 Ќе му бидат слуги, за да видат што значи да Ми се служи Мене, а што на земните цареви.” 9 Така египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим, ги ограби благото од Господовиот Дом и ризницата на царскиот дворец; зеде сè; ги зеде и златните штитови што ги имаше направено Соломон. 10 Место нив Ровоам направи бронзени штитови и им ги довери на заповедниците на стражата, која ја чуваше вратата на царскиот дворец. 11 Царот кога и да одеше во Господовиот Дом, стражарите ги земаа, а после ги враќаа во стражарницата. 12 И така, кога се смири, Господовиот гнев се одврати од него та не го уништи сосем, зашто и во Јудеја имаше нешто добро. 13 Потоа царот Ровоам се утврди во Ерусалим и царуваше. На Ровоам му беа четириесет и една година кога се зацари, а царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот кого Господ го избра меѓу сите израелски племиња за да го постави таму Своето Име. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка. 14 Правеше зло, зашто не се заложи со срцето да Го бара Господа. 15 Ровоамовите први и последни дела - и војните што беа водени непрекратно меѓу Ровоам и Јеровоам - запишани се во книгата на пророкот Семај и во племенскиот попис на гледачот Адон. 16 Потоа Ровоам почина со своите татковци и беше погребан во Давидовиот Град; на негово место се зацари син му Авиј.
1 Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, Авиј се зацари над Јудеја. 2 Царуваше три години во Ерусалим. Името на мајка му беше Михаја, Урилова ќерка од Гаваја. Тогаш избувна војна меѓу Авиј и Јеровоам. 3 Авиј излезе во бојот со храбри борци, со четири стотини илјади одбрани јунаци; Јеровоам подреди во боен ред против него осум стотини илјади луѓе, сè одбрани јунаци. 4 Авиј застана на врвот на Семераимската Гора во Ефремовото Горје и рече: „Чујте ме, Јеровоаме и сиот Израел! 5 Не знаете ли дека Господ Израелевиот Бог, му го предаде на Давида царството над Израел засекогаш, нему и на неговите синови со Заветот на солта? 6 Ама се подигна Наватовиот син Јеровоам, слуга на Давидовиот син Соломон, и се побуни против господарот. 7 Околу него се собраа ништожни и лоши луѓе и почнаа да му се противат на Соломоновиот син Ровоам, кој беше млад и со страшливо срце, та не умееше да се брани храбро од нив. 8 Па сега мислите дека можете да му се спротивите на Господовото Царство што е во раката на Давидовите синови, зашто вас ве има мошне многу и ги имате кај себе златните телиња, кои ви ги направи Јеровоам за да ви бидат богови. 9 Ги истеравте Господовите свештеници, Ароновите синови и левитите, и си поставивте за себе свештеници како другите земни народи. Секој што дојде со јунец и со седум овни, им стана свештеник на вашите ништожни богови. 10 Нам ни е Бог Господ, не Го оставивме, а свештениците кои Му служат на Господа се Аронови синови и левити во својата работа. 11 Му палат на Господа жртви паленици и мирислив темјан секое утро и секоја вечер, ги ставаат лебовите на чистиот стол, и го палат секоја вечер златниот светилник со светилата; зашто ние ја пазиме наредбата на Господа, својот Бог, а вие Го оставивте. 12 Затоа, еве, нам ни се на чело Бог и неговите свештеници со гласни труби за да свират грмливо против вас. Израелеви синови, не војувајте против Господа, Бога на своите татковци, зашто не ќе имате успех!” 13 Ама Јеровоам одведе заседа за да им дојде од зад плеќи; така на Јудејците едни им беа однапред, а заседата одназад. 14 Кога Јудејците се обѕрнаа, а тоа, ете, бојот им беше однапред и одназад. Тогаш извикаа кон Господа, а свештениците почнаа да трубат во трубите. 15 Тогаш Јудејците извикаа силно, а кога почнаа да викаат, Бог ги разби Јеровоама и сиот Израел пред Авиј и пред Јудејците. 16 Израелевите синови избегаа пред Јудејците, и Бог им ги предаде ним во рацете. 17 Авиј со народот изврши голем колеж меѓу нив, та од Израелците паднаа погубени пет стотини илјади одбрани луѓе. 18 Така Израелевите синови беа понижени во тоа време, а Јудините синови зајакнаа, зашто се потпреа на Господа, на Бога на своите татковци. 19 Авиј го спотера Јеровоама и ги освои од него градовите Ветил со селата, Јесан со селата и Ефрон со селата. 20 Јеровоам веќе не се заздрави за време на Авиевиот живот; Господ го удри така што умре. 21 Авиј се зацврсти и си зеде четиринаесет жени, та му се родија дваесет и два сина и шеснаесет ќерки. 22 А другите Авиеви дела и неговите потфати и беседи се запишани во толкувањето на пророкот Адон.
1 Потоа Авиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на неговото место се зацари син му Аса. Во неговите дни земјата беше мирна десет години. 2 Аса правеше што е добро и право во очите на Господа, неговиот Бог. 3 Ги отстрани туѓинските жртвеници и високите места, ги обори столбовите и ги скрши ашерите. 4 Им нареди на Јудејците да Го бараат Господа, Бога на своите татковци, да ги пазат законот и заповедите. 5 Ги отстрани од сите јудејски градови високите места и сончевите столбови, а царството беше мирно во неговото време. 6 Изгради цврсти градови во Јудеја, зашто земјата беше мирна. Никој не завојува против него во тие години, зашто Господ му даде мир. 7 Затоа Аса им рече на Јудејците: „Да ги доградиме овие градови и да ги заградиме со ѕид и со стражарници, со врати и со лостови; уште е наша земјата пред нас, зашто го баравме Господа, својот Бог; го баравме, и Тој ни даде мир од сите страни!” Така градеа и беа успешни. 8 Аса имаше војска триста илјади луѓе од Јудејците, кои носеа штит и копје, а од Венијаминовото племе двеста и осумдесет илјади, кои носеа штит и оптегнуваа лак. Сите беа храбри јунаци. 9 Етиопецот Зара излезе против нив со илјада илјади воини и со триста бојни коли и дојде до Мариса. 10 Аса излезе пред него; се подредија во боен ред во Сефатската Долина кај Мариса. 11 Аса извика кон Господа, својот Бог: „О Господе, за Тебе е ништо да му помогнеш на силниот или на слабиот! Помогни ни, о Господи, Боже наш, зашто се потпираме на Тебе и во Твое Име излеговме против ова мноштво! Господе, Ти си наш Бог, не оставај го силниот човек против Себе!” 12 Господ ги разби Етиопците пред Аса и пред Јудејците, та Етиопците избегаа. 13 Аса, со народот што беше со него, ги протера сè до Герара. Етиопците попаѓаа, така што ниеден не остана жив, зашто Господ и Неговите чети ги сотреа; и тие однесоа мошне голем плен. 14 Ги освоија сите градови околу Герара, зашто Господовиот страв дојде врз нив; ги ограбија сите тие градови, зашто во нив имаше многу плен. 15 Ги ограбија и шаторите за добиток и запленија многу ситен добиток и камили; а тогаш се вратија во Ерусалим.
1 Тогаш Божјиот Дух слезе на Одидовиот син Азариј. 2 Тој излезе пред Аса и му рече: „Чујте ме, Асо и сето Јудино и Венијаминово племе! Господ е со вас, зашто вие сте со Него; и ако го барате, ќе Го најдете; ако Го оставите, и Тој ќе ве остави вас. 3 Долго Израелците беа без вистинскиот Бог и без свештеник - учител и без Закон. 4 Кога во неволја Му се обратија на Господа, на Израелевиот Бог, и почнаа да Го бараат, Го најдоа. 5 Во тоа време никој не можеше ни да излегува ни да доаѓа, зашто големи немири владееја меѓу сите земни жители. 6 Народ удираше против народ, град против град, зашто Господ ги смути со секаква неволја. 7 Но вие бидете храбри, и рацете нека не ви ослабат, зашто има награда за вашите дела.” 8 Откако ги чу тие слова и пророчката беседа на синот на пророкот Одид, Аса се охрабри и ги отстрани киповите на гнасните нечисти божества од цела Јудеја и од Венијаминовата Земја, и од градовите кои ги имаше освоено во Ефремовата Гора. Го обнови и Господовиот жртвеник, што беше пред Господовиот Трем. 9 Тогаш ги собра сето Јудино и Венијаминово племе и придојдениците, кои беа кај нив од Ефремовото, Манасиевото и Симеоновото племе, зашто мнозина од Израелците пребегаа кај него кога видоа дека со него е Господ, неговиот Бог. 10 И се собраа во Ерусалим во третиот месец на петнаесеттата година на Асиното царување. 11 Во оној ден Му принесоа жртви на Господа од пленот што го дотераа, седум стотини говеда и седум илјади ситен добиток. 12 Се заветуваа дека ќе Го бараат Господа, Бога на своите татковци, со сето срце и со сета душа. 13 А секој што не би Го барал Господа, Израелевиот Бог, да биде погубен, било мал или голем, маж или жена. 14 Му се заколнаа на Господа гласно и покрај грмливо извикување, покрај труби и рогови. 15 Сите Јудејци се радуваа заради таа заклетва и со сета своја волја Го бараа и Го најдоа. Господ им даде мир од сите страни. 16 Царот Аса ја отстрани од власта и својата мајка Маха, зашто и направи гаден идол на Ашера. Аса го исече нејзиниот гад, го сотре и го изгоре при потокот Кедрон. 17 Но високите места не беа отстранети од Израел. Сепак Асиното срце Му беше приврзено на Господа за време на сиот негов живот. 18 Ги внесе во Божјиот Дом посветените дарови на својот татко, и своите посветени: сребро и злато и посатки. 19 Немаше војна сè до триесет и петтата година на Асиното царување.
1 Во триесет и шестата година на Асиното царување, израелскиот цар Васа навали на Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да го спречи секое движење кон јудејскиот цар Аса. 2 Тогаш Аса зеде сребро и злато од сокровиштето на Господовиот Дом и од царскиот дворец и му ги испрати на арамејскиот цар Вен-Адад, кој престолуваше во Дамаск, и му порача: 3 ”Сојуз нека биде меѓу мене и тебе, како што беше меѓу мојот и твојот татко; еве, ти праќам за дар сребро и злато, ајде, раскини го сојузот со израелскиот цар Васа, за да си отиде од мене.” 4 Вен-Адад го послуша царот Аса и ги испрати своите војсководачи против израелските градови, та тие ги покорија Ијон, Дан, Авел-Мајин и сите Нефталимови градови во кои имаше складишта. 5 А кога Васа научи за тоа, прекрати да ја утврдува Рама, и ја запре работата. 6 Тогаш царот Аса ги повика сите Јудејци, и тие ги однесоа камењата и дрвата со кои Васа ја утврдуваше Рама, па со тоа ги утврдија Гаваја и Миспа. 7 Во тоа време дојде гледачот Ананиј кај јудејскиот цар Аса и му рече: „Бидејќи се потпре врз арамејскиот цар, а не се потпре на Господа, својот Бог, војската на арамејскиот цар ти се извлече од раката. 8 Немаа ли Етиопците и Либијците силни чети со мошне многу коли и коњаници? Па кога се потпре врз Господа, ти ги предаде во рацете. 9 Зашто Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него. Работеше безумно во тоа, затоа отсега ќе се дигаат војни против тебе.” 10 Тогаш Аса се разгневи на гледачот и го фрли во темница, зашто се разјари на него. Во тоа време Аса угнети и некои од народот. 11 И ете, Асините дела, од првото до последното, се запишани во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. 12 Се разболе во триесет и деветтата година на царувањето, од нозете, та болеста му се влоши многу, но ни во болеста не Го бараше Господа, туку лекари. 13 Така Аса почина со своите татковци и умре во четириесет и првата година на своето царување. 14 Го погребаа во гробницата, што ја имаше ископано за себе, во Давидовиот Град и го положија на одар, што го имаше наполнето со мириси и масти, приготвени со аптекарска вештина, и му ги спалија мошне многу.
1 Тогаш на неговото место се зацари син му Јосафат; тој ја покажа својата сила против Израел. 2 Ја размести војската по сите утврдени јудејски градови и постави намесници по Јудејската Земја и по Ефремовите градови, кои ги беше зазел неговиот татко Аса. 3 Господ беше со Јосафат, зашто одеше по правите патишта на својот татко Давид и не ги побара Вааламите. 4 Го бараше Бога на своите татковци и одеше според Неговите заповеди не правејќи како Израелевите синови. 5 Затоа Господ го зацврсти царството во неговата рака, па сите Јудејци му даваа данок на Јосафата, така што придоби големо богатство и слава. 6 Неговото срце се охрабруваше на Господовите патишта, па ги отстрани уште и високите места и ашерите од Јудеја. 7 Во третата година на царувањето ги испрати кнезовите Вен-Хаил, Овадиј, Захариј, Натанаил и Михеј за да учат по јудејските градови. 8 И со нив левитите: Семај, Натаниј, Зевадиј, Асаил, Семирамот, Јонатан, Адониј, Товиј и Тов-Адониј; а со нив свештениците Елисам и Јорам. 9 Поучуваа по Јудеја носејќи го со себе Свитокот на Господовиот Закон и ги обиколуваа сите јудејски градови, учејќи го народот. 10 Господовиот страв ги опфати сите земни царства околу Јудеја, така што не смееја да завојуваат против Јосафат. 11 Некои Филистејци сами му донесуваа дарови и данок во сребреници, а Арабјаните му донесуваа ситен добиток: по седум илјади и седум стотини овни и седум илјади и седум стотини јарци. 12 Така Јосафат напредуваше сè повеќе додека не стана многу голем. Изгради во Јудеја стражарници и градови - складишта. 13 Имаше многу работи во јудејските градови, а храбри јунаци во Ерусалим. 14 Еве го нивниот попис според семејствата: од Јудиното племе илјадниците: началникот Адна и со него триста илјади храбри јунаци; 15 до него началникот Јоанан и со него двеста и осумдесет илјади; 16 по него Зихриевиот син Амасиј, кој се стави подготвено во Господова служба, со двеста илјади храбри јунаци. 17 Од Венијаминовото племе: храбриот јунак Елијад и со него двеста илјади луѓе вооружени со лак и со штит; 18 по него Јозавед и со него сто и осумдесет илјади готови за бој. 19 Тоа се оние кои му служеа на царот, не броејќи ги оние што царот ги имаше наместено во тврдите градови по сета Јудеја.
1 Јосафат придоби големо богатство и слава, та се спријатели со Ахав. 2 По неколку години дојде кај Ахава во Самарија. Ахав закла многу ситен добиток и говеда за него и за луѓето што беа со него, и го наговоруваше да тргне против Галадскиот Рамот. 3 Израелскиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?” Тој одговори: „Јас сум како и ти, мојот народ е како и твојот, ќе дојдеме со тебе на војна.” 4 Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!” 5 Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?” Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.” 6 Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?” 7 Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.” Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!” 8 Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!” 9 Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. 10 Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’” 11 Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.” 12 Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!” 13 Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!” 14 Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!” 15 Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?” 16 Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’” 17 Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?” 18 А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево. 19 Господ праша: ‘Кој ќе го заведе израелскиот цар Ахав за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Еден рече ова, друг рече она. 20 Тогаш влезе еден дух, застана пред Господа и рече: ‘Јас ќе го заведам!’ Господ го праша: ‘Како?’ 21 Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ му рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ 22 Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.” 23 Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?” 24 Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.” 25 Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас. 26 Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.”‘“ 27 Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!” И додаде: „чујте сите народи!” 28 Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот. 29 Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!” Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој. 30 Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!” 31 Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!” И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него. 32 Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тоа не е израелскиот цар, се свртија од него. 33 Еден случајно го оптегна својот лак и го рани израелскиот цар меѓу наборот на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Тргни ја уздата и изведи ме од бојот, зашто сум ранет.” 34 Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама израелскиот цар се држеше простум во бојната кола спроти Арамејците сè до вечерта и умре при зајдисонце.
1 Кога јудејскиот цар Јосафат се врати во мир дома во Ерусалим, 2 пред него излезе Ананиевиот син, гледачот Јуј, и му рече на царот Јосафат: „Зар да му помагаш на безбожникот и да го љубиш Господовиот мразител? Затоа и удира врз тебе Господовиот гнев. 3 Сепак се најде нешто добро во тебе: ги отстрани ашерите од земјата и го насочи своето срце да Го бараш Господа!” 4 Оттогаш Јосафат живееше во Ерусалим, пак излегуваше меѓу народот од Вир Савеа до Ефремовата Гора и го обрнуваше кон Господа, кон Бога на нивните татковци. 5 Постави судии во земјата во сите утврдени јудејски градови, во секој град. 6 И им рече: „Гледајте што работите, зашто не судите во човеково име, туку во Името на Господа. 7 И така, сега Господовиот страв нека биде над вас; внимавајте и работете совесно, зашто во Господа, во нашиот Бог, нема неправда ни лицемерие, ниту Тој прима поткуп.” 8 Јосафат постави левити, свештеници и главатари на израелските семејства во Ерусалим за да ги изречуваат Господовите судови и да пресудуваат во споровите. Тие живееја во Ерусалим, 9 и тој им даде заповеди, велејќи: „Работете со Господов страв и со искрено срце. 10 Каков и да е спор ако излезе пред вас од вашите браќа кои живеат во градовите: било да се работи за крвна одмазда, за законот, за заповедите, за одредби или за обреди, треба сè да им растолкувате, за да не Му згрешат на Господа и за да не се обори Неговиот гнев на вас и на вашите браќа. Работете така и нема да бидете виновни. 11 И еве, свештеничкиот главатар Амариј ќе биде над вас во сите Господови работи, а Исмаиловиот син Завдиј, началникот на Јудиниот дом, во сите царски работи. Левитите ќе ви служат како писари. Бидете силни, и на работа! Господ ќе биде со оној, кој е добар.”
1 Потоа Моавовите и Амоновите синови, а со нив и некои од Меунците, завојуваа против Јосафат. 2 Ама Јосафат ја доби оваа вест: „Против тебе доаѓа големо мноштво од онаа страна на морето, од Едом; и ене го во Асасон Тамара, односно во Ен Гад.” 3 Јосафат се исплаши и почна да Го бара Господа, та прогласи пост по сета Јудеја. 4 Јудејците се собраа да Го бараат Господа: доаѓаа од сите јудејски градови за да Го бараат. 5 Тогаш Јосафат стана во јудејскиот собор во Ерусалим, во Господовиот Дом, пред новиот двор, 6 и рече: „Господи, Боже на нашите татковци, Ти си Бог на небото и владееш над сите кривобожечки царства. Во Твојата рака се таква сила и јачина така што никој не може да се додржи пред Тебе. 7 Ти, о Боже наш, ги истера жителите на оваа земја пред Својот Израелски народ и му ја даде засекогаш на потомството на Својот пријател Авраам; 8 и се населија во неа и Му изградија во неа Светилиште на Твоето Име, велејќи: 9 ’Кога ќе навали врз нас некакво зло, одмазднички меч или помор, или глад, та кога ќе застанеме пред овој Дом и пред Тебе, зашто Твоето Име е во овој Дом, и кога ќе извикаме кон Тебе во својата неволја, послушај нè и спаси нè.’ 10 Еве, сега Амоновите и Моавовите синови, и оние од Сирската Гора, преку кои не му дозволи на Израел да помине кога доаѓаше од Египетската Земја, туку ги заобиколи и не ги сотре - 11 и така, сега тие ни враќаат со зло доаѓајки да нè истераат од наследството кое Ти ни го даде. 12 О Боже, зар нема да им судиш? Зашто во нас нема сила спрема тоа големо мноштво кое доаѓа на нас, ниту ние знаеме што да правиме, туку очите ни се насочени во Тебе.” 13 Сите Јудејци стоеја пред Господа, со малите деца, со жените и со синовите. 14 Тогаш Господовиот Дух слезе сред соборот - на Јазил, синот Захариев, син на Венај, син на Јеил, син на Матаниј - Левит од Асафовите синови. 15 Тој рече: „Слушајте, сите Јудејци, Ерусалимци и ти цару Јосафате! Господ ви зборува вака: ‘Не бојте се и не плашете се од тоа големо мноштво, зашто ова не е ваша војна, туку Божја. 16 Утре слезете против нив; тие ќе се искачуваат по Асиската Нагорница, а вие ќе ги сретнете на крајот на долината кон Јеруилската Пустина. 17 Не треба да се биете; поставете се, стојте па гледајте како ќе ви помогне Господ.’ Еј Јудо и Ерусалиме, не бојте се и не плашете се; утре излезете пред нив, и Господ ќе биде со вас!” 18 Тогаш Јосафат падна ничкум на земјата, и сите Јудејци и Ерусалимци паднаа пред Господа за да Му се поклонат. 19 Потоа левитите од Катовите синови и од Кореевите синови станаа и почнаа да Го фалат со сиот глас Господа, Израелевиот Бог. 20 Поранија наутро и тргнаа кон пустината Текуј; кога излегуваа, Јосафат застана и рече: „Чујте ме, еј Јудејци и Ерусалимци, надевајте се во Господа својот Бог, и ќе се оддржите; надевајте се во Неговите пророци и ќе успеете!” 21 Потоа се посоветува со народот и ги постави Господовите пејачи и фалители, кои ќе ја слават Неговата светост и ќе одат пред вооружените чети и ќе пеат: „Славете Го Господа зашто е вечна Неговата љубов!” 22 Кога почнаа да воскликнуваат и да слават, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени. 23 Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија. 24 Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси. 25 Тогаш Јосафат дојде со народот за да го собере пленот, и најдоа многу: секакво богатство, облеки и скапоцени предмети; се награбија толку што не можеа веќе да носат; три дни го грабаа пленот, зашто го имаше многу. 26 Во четвртиот ден се собраа во Долината на Благословот: таму Го фалеа Господа, па затоа тоа место беше наречено Емек Берака, Долина на Благослов, до денес. 27 Потоа сите Јудејци и Ерусалимци, со Јосафата на чело, се свртија за да се вратат во Ерусалим со веселба, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели. 28 Дојдоа во Ерусалим со псалтири, со гуслиња и со труби во Господовиот Дом. 29 А Божјиот страв влезе во сите земни царства кога чуја дека Господ завојува против Израелевите непријатели. 30 Така се смири Јосафатовото царство, зашто Бог му даде мир од сите страни. 31 Јосафат царуваше над Јудејците. Му беа триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева. 32 Одеше по патот на Аса не свртувајќи од него, туку чинејќи што е право во Господовите очи. 33 Само, не беа отстранети високите места, зашто народот уште не го имаше насочено своето срце кон Бога на татковците. 34 Другите Јосафатови дела, од првите до последните се запишани во книгата на Ананиевиот син Јуј, и се распоредени во книжниот Свиток за израелските цареви. 35 Потоа јудејскиот цар Јосафат се здружи со израелскиот цар Охозиј, кој работеше безбожно. 36 Се здружи со него за да направат бродови и да отидат во Тарсис; направија бродови во Есион Гавер. 37 Додавовиот син Елиезер од Мариса, прорече против Јосафат: „Бидејќи се здружи со Охозиј, Господ ќе ги разурне твоите дела.” Бродовите се разбија и не можеа да отпловат во Тарсис.
1 Јосафат почина покрај своите татковци, и беше погребан кај нив во Давидовиот Град. На неговото место се зацари син му Јорам. 2 Јорам имаше шестмина браќа, Јосафатови синови: Азариј, Ехил, Захариј, Азариј, Михаил и Сефатиј. Сите тие му беа синови на израелскиот цар Јосафат. 3 Таткото им даде многу дарови во сребро, во злато и во скапоцености, со утврдените градови во Јудеја; царството му го даде на Јорама, зашто беше првенец. 4 Откако стапи на татковиот престол и откако се утврди, Јорам ги погуби сите браќа со меч, па и некои израелски кнезови. 5 На Јорама му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим. 6 Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; работеше што е зло во Господовите очи. 7 Сепак Господ не сакаше да ја разурне куќата на Давида заради Заветот што го склучи со него и затоа што му вети дека ќе им ја даде светилката нему и на неговите синови засекогаш. 8 Во тоа време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија свој цар. 9 Затоа Јорам тргна со своите војсководачи и со сите бојни коли. Се подигна ноќе и ги истепа Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. 10 Сепак Едомците се ослободија од јудејската власт сè до денес. Во исто време се побуни Ливна, за да не биде под неговата власт, зашто тој Го остави Господа, Бога на своите татковци. 11 Уште направи и високи места по јудејските гори, ги наведе на блуд Ерусалимците и ги заведе Јудејците. 12 Тогаш му стигна писмо од пророкот Илија: „Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: ‘Зашто не одеше по патиштата на таткото Јосафат, ни по патиштата на јудејскиот цар Аса, 13 туку одеше по патиштата на израелските цареви и ги наведе на блуд Јудејците и Ерусалимците, како што направи Ахавовиот дом, а покрај тоа ги уби сопствените браќа, своето семејство, кои беа подобри од тебе: 14 еве, Господ ќе навали голема несреќа на твојот народ, на твоите синови, на твоите жени, на сиот твој имот. 15 Ќе се разболиш од многу болести: од болест на цревата, така што цревата ќе ти излезат од болеста, која ќе трае денови и денови.’” 16 Господ го подигна против Јорама гневот на Филистејците и на Арабјаните, кои живееја покрај Етиопците. 17 Тие ја нападнаа Јудеја и ја освоија, го запленија сето богатство што се најде во царевиот дворец, па и неговите синови и неговите жени, така што не остана никој освен најмладиот син, Јоахаз. 18 По сè тоа Господ го удри со неизлечива цревна болест. 19 Таа траеше денови и денови, а кога се навршија две години, му излегоа цревата од болеста, та умре во страшни маки. Народот не му приреди мирисливи палења, како што им палеше на неговите татковци. 20 Му беа триесет и две години кога се зацари, а осум години царуваше во Ерусалим. Почина, а никој не зажали за него; и го погребаа во Давидовиот Град, но не во царската гробница.
1 Ерусалимците го зацарија на неговото место најмладиот му син Охозиј, зашто сите постари ги беше убила четата, која со Арабјаните нападна врз логорот; така се зацари Охозиј, син на јудејскиот цар Јорам. 2 Му беа четириесет и две години кога се зацари. Царуваше една година во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Готолија, Амриева ќерка. 3 4 Правеше што е зло во Господовите очи, како Ахавовиот дом, зашто токму тие му беа советници по татковата смрт, за негова пропаст. 5 По нивниот совет тргна со Јорам, синот на израелскиот цар Ахав, во бој против арамејскиот цар Азаил во Галадски Рамот. Но Арамејците го поразија Јорама. 6 Тој се врати да се лекува од раните што му ги зададоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејски цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам се разболе. 7 Но Бог направи таа посета на Јорам да му биде за пропаст на Охозиј. Откако дојде, излезе со Јорама против Нимсиевиот син Јуј, кого Господ го помаза за да ја откорне Ахавовата куќа. 8 Додека ја извршуваше одмаздата на Ахавовиот дом, Јуј ги најде јудејските кнезови и синовите на Охозиевите браќа, кои му служеа на Охозиј, и ги погуби, 9 а тогаш тргнаа во потрага по Охозиј. Го фатија додека се криеше во Самарија, го доведоа кај Јуја, кој го уби. Го закопаа, зашто рекоа: „Син е на оној Јосафат, кој Го бараше Господа со сето срце.” Така не остана никој од Охозиевиот дом, кој би имал сила за да биде цар. 10 Затоа Охозиевата мајка Готолија, откако виде дека и загина синот, стана и го погуби сиот царски род на Јудиното племе. 11 Но царевата ќерка Јосавета го зеде Охозиевиот син Јоас; откако го украде сред царевите синови кои ги убиваа, го стави со доилката во ложницата. Така Јосавета, ќерката на царот Јорам, жена на свештеникот Јодај, го скри од Готолија, зашто беше Охозиева сестра, та не беше погубен. 12 Беше скриен со нив во Божјиот Дом шест години, сè додека со земјата владееше Готолија.
1 Во седмата година Јодај се зајакна и почна да бара стотници: Јеровоамовиот син Азариј, Јоанановиот син Исмаил, Овидовиот син Азариј, Адаевиот син Масиј, Зихриевиот син Елисафат, и склучи со нив сојуз. 2 Почнаа да обиколуваат по Јудеја, и ги собраа левитите од сите јудејски градови и семејните главатари во Израел, та дојдоа во Ерусалим. 3 Сиот собор склучи сојуз со царот во Божјиот Дом. Јодај им рече: „Ете, царевиот син ќе царува, како што вети Господ за Давидовите синови. 4 Еве што треба да направите: третината од вас што во сабота влегувате во служба, и свештениците и левитите, нека бидат вратари при праговите; 5 третината нека биде во царскиот дворец, третината на Есодската Врата, сиот народ во тремовите на Господовиот Дом. 6 Никој нека не влегува во Господовиот Дом освен свештениците и левитите кои служат; тие нека влегуваат, зашто се посветени. Сиот народ нека ја пази Господовата наредба. 7 Левитите нека го опкружат царот, секој со оружје во раката, и кој ќе се обиде да влезе во Домот, нека биде погубен. Бидете покрај царот каде и да тргне или да излезе.” 8 Левитите и сиот јудејски народ направија сè онака како што нареди свештеникот Јодај. Секој ги зеде своите луѓе, кои во сабота влегуваа во служба со оние кои излегуваа во сабота. Зашто свештеникот Јодај не ги распушти редовите. 9 Свештеникот Јодај им ги даде на стотниците копјата, штитовите и оклопите на цар Давид што беа во Божјиот Дом. 10 Го постави сиот народ, секого со копје во раката, од јужната до северната страна на Домот, спроти жртвеникот и спроти Домот околу царот наоколу. 11 Тогаш го изведоа царевиот син, му ставија венец на главата, му дадоа Сведоштво и го помазаа за цар. Тогаш Јодај и неговите синови извикаа: „Да живее царот!” 12 Кога Готолија ја чу викотницата на народот, кој се собрал и го фалел царот, дојде кај народот во Господовиот Дом. 13 Погледна подобро, кога ете, царот стои на своето место при влезот, а пред царот заповедници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби, певците пеат покрај свирките и ги предводат пеењата. Тогаш Готолија ја раскина облеката и извика: „Предавство, предавство!” 14 Свештеникот Јодај им нареди на стотниците и на воените заповедници: „Изведете ја низ редовите надвор, и кој ќе тргне по неа, погубете го со меч!” Уште свештеникот додаде: „Немојте да ја погубите во Господовиот Дом!” 15 Ставија раце на неа, и кога низ Коњската Врата стигна до царскиот дворец, таму ја погубија. 16 Тогаш Јодај склучи Завет меѓу Господа, народот и царот, за да биде народот Господов. 17 Потоа сиот народ отиде во Вааловото капиште, го разурна заедно со жртвениците и ги искрши ликовите; го убија вааловиот свештеник Матан пред жртвениците. 18 Потоа Јодај постави стражи кај Господовиот Дом под надгледување на свештениците и левитите, кои Давид ги имаше распределено за служба во Господовиот Дом, за да Му принесуваат на Господа паленици како што е напишано во Мојсеевиот Закон, со веселба и со песни, како што одреди Давид. 19 Постави и вратари при вратите на Господовиот Дом, за да не влегува човек нечист од што и да е. 20 Откако ги зеде стотниците, благородниците и началниците на луѓето, и сиот народ, го изведе царот од Господовиот Дом, а тогаш влегоа низ Горната Врата во царскиот дворец и го поставија царот на царскиот престол. 21 Сиот народ се веселеше а градот се смири, зашто ја убија Готолија со меч.
1 На Јоаса му беа седум години кога се зацари, а царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија, од Вир Савеа. 2 Јоас правеше што е право во Господовите очи додека беше жив свештеникот Јодај. 3 Јодај го ожени со две жени и тој имаше со нив синови и ќерки. 4 Потоа науми во срцето да го обнови Господовиот Дом. 5 Откако ги собра свештениците и левитите, им рече: „Излезете по јудејските градови и собирајте од сите Израелци сребреници за да биде обновен Домот на вашиот Бог, од година до година, а вие побрзајте со таа работа.” Ама на левитите не им се брзаше. 6 Затоа царот го повика главатарот Јодај и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и од Ерусалим данокот што го одреди Господовиот слуга Мојсеј и Израелевиот собир, за Шаторот на сведоштвото? 7 Зашто нечесната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот Дом, и сите работи што му беа посветени на Господовиот Дом ги употребија за вааловците.” 8 Потоа царот нареди да се направи ковчег и да се стави надвор кај вратата на Господовиот Дом. 9 Разгласија по Јудеја и по Ерусалим да Му се донесува на Господа данок, што му го беше одредил Божјиот слуга Мојсеј на Израел во пустината. 10 Сите кнезови и сиот народ се зарадуваа, и почнаа да донесуваат и да фрлаат во Ковчегот додека не се наполни. 11 Левитите го донесуваа Ковчегот во царското надгледувалиште и кога ќе се видеше дека има многу сребреници доаѓаа царевиот тајник и повереникот на свештеничкиот главатар за да го испразнат Ковчегот. Тогаш пак го однесуваа и го ставаа на неговото место. Така правеа секој ден и собраа многу сребреници. 12 Тогаш царот и Јодај им ги даваа на настојниците над работата околу Господовиот Дом, а тие најмуваа за плата каменоресци и дрводелци за да биде обновен Господовиот Дом, па ковачи, кои умеат да работат со железо и бронза за да се поправи Господовиот Дом. 13 Настојниците работеа и поправувањето напредуваше под нивната управа; го вратија Божјиот Дом во ред и го обновија. 14 А кога свршија сè, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај. 15 Тогаш Јодај, откако остаре и се насити од животот, умре во сто и триесетата година. 16 Го погребаа во Давидовиот Град кај царевите, зашто правеше добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом. 17 По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша. 18 Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица. 19 Бог им праќаше пророци за да ги обратат кон Господа, тие ги опоменуваа, но тие не сакаа да слушаат. 20 Тогаш Божјиот Дух го исполни Јодаевиот син Захариј, кој, застанувајќи повисоко од народот, рече: „Бог вели вака: ‘Зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Зошто не сакате да бидете среќни? Како што вие го оставивте Господа, така ќе ве остави и Тој.’” 21 Но тие се побунија против него и го затрупаа со камења, по царска заповед, во дворот на Господвиот Дом. 22 Ни царот Јоас не си спомна за љубовта што му ја покажа таткото Јодај, туку му го уби синот; а тој умирајќи рече: „Господ нека гледа и нека одмазди!” 23 Кога помина година време, се подигна против него арамејската војска и, напаѓајќи на Јуда и на Ерусалим, ги погуби сите кнезови во народот и му го испрати сиот плен на царот во Дамаск. 24 Иако арамејската војска беше мала по луѓе, сепак Господ и ја предаде во рацете мошне бројната војска, зашто Го оставија Господа, Бога на своите татковци. Така му се одмаздија Арамејците на Јоаса. 25 Кога си отидоа од него, оставајќи го во тешки болести, неговите стотници се побунија против него зашто го уби синот на свештеникот Јодај, па и тие го убија него на постела, та загина; го погребаа во Давидовиот Град, но не го закопаа во царската гробница. 26 Еве ги оние што се заверија против него, Завад, син на Амонката Симеата, и Јозавад, син на Моавката Симрита. 27 А за неговите синови и за големото пророштво против него, за обновата на Божјиот Дом, сè е запишано во Толкувањето на Свитокот на царевите. На неговото место зацари син му Амасиј.
1 На Амасиј му беа дваесет и пет години кога зацари; царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана и беше од Ерусалим. 2 Правеше што е право во Господовите очи, ама не со сето срце. 3 Кога го зацврсти царството, ги погуби стотниците кои го убија царот, неговиот татко. 4 Ама не им ги погуби синовите, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот Закон: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите, ни синовите заради татковците, туку секој нека гине за својот грев.” 5 Потоа Амасиј ги собра Јудејците и сиот Јуда и Венијамин, им ги распредели по семејствата, на илјадниците и стотниците. Откако ги преброи од дваесет години нагоре, најде триста илјади одбрани момчиња за војска, вешти за копје и штит. 6 Од Израелците најми сто илјади храбри јунаци за сто сребрени таланти. 7 Но кај него дојде Божји човек и рече: „Царе, израелската војска нека не иде со тебе, зашто Господ не е со Израелците ниту со Ефремовите синови, 8 туку оди ти сам, биди храбар за бојот; инаку Господ ќе те обори.” 9 Тогаш Амасиј го праша Божјиот човек: „А што ќе биде со стоте таланти што им ги дадов на израелските чети?” Божјиот човек одговори: „Господ има да ти даде повеќе од тоа.” 10 Тогаш Амасиј ги одвои четите што му беа дошле од Ефрема, за да се вратат во своето место. Но војниците се разгневија на Јудејците и се вратија во своето место пламнувајќи од расрденост. 11 А Амасиј, откако се охрабри, го поведе народот, отиде во Солената Долина и погуби десет илјади Сирски синови. 12 Јудините синови заробија десет илјади живи, ги одведоа на врвот на карпата па ги фрлија, така што сите се здробија. 13 Четата што Амасиј ја врати назад за да не оди со нив во бој, грабеше по јудејските градови од Самарија па до Вет-Орон, и истепа во нив три илјади луѓе и запленија многу плен. 14 Потоа, кога Амасиј се врати откако ги разби Едомците, ги донесе боговите на Сирските синови, си ги постави за богови и почна да им се клања и да им кади. 15 Тогаш Господ се разгневи на Амасија и испрати при него пророк, кој го праша: „Зошто ги бараш боговите на тој народ, кои не го избавија својот народ од твојата рака?” 16 Додека тој зборуваше, царот го праша: „Дали си поставен за советник на царот? Прекрати! Зошто да те погубат?” Тогаш пророкот молкна, ама додаде: „Знам дека Бог одлучи да те уништи, бидејќи го правиш тоа, а не го слушаш мојот совет.” 17 Тогаш јудејскиот цар Амасиј смисли и му порача на израелскиот цар Јоас, синот на Јујовиот син Јоахаз: „Дојди да се видиме лице во лице!” 18 А израелскиот цар Јоас му одговори на јудејскиот цар Амасиј: „Еднаш ливанскиот трн му испрати гласници на ливанскиот кедар и му порача: ‘Дај ја ќерката за жена на мојот син.’ Ама ливанските диви ѕверови поминаа и го нагазија трнот. 19 Ги разби Едомците, па срцето ти се возгордеа и бараш слава. Подобро остани си дома. Зошто го предизвикуваш злото и сакаш да паднеш и ти и сите Јудејци со тебе?” 20 Но Амасиј не послуша, зашто Бог беше одредил така, за да ги предаде во рацете на Јоаса, затоа што прибегнаа кон едомските богови. 21 Израелскиот цар Јоас излезе, те се обиде во бојот тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет-Семес во Јудеја. 22 Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа под својот шатор. 23 Израелскиот цар Јоас го фати во Вет-Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Јоахазов, и го одведе во Ерусалим; таму го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аголната Врата, во должина од четири стотини лакти. 24 Откако ги зеде: сето злато, сребро и посатките што се наоѓаа во Божјиот Дом кај Овид-Едом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија. 25 Јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, Јоахазовиот син. 26 Другите Амасиеви дела, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. 27 Откако Амасиј го остави Господа, се ковеше завера против него во Ерусалим. Иако побегна во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе, кои го убија таму. 28 Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа покрај неговите татковци во Јудиниот Град.
1 Тогаш сиот јудејски народ го зеде Озиј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија на местото на неговиот татко Амасиј. 2 Тој пак го изгради Елот, враќајќи и го на Јудеја, откако царот почина при своите татковци. 3 На Озиј му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим. 4 Правеше што е право во Господвите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј. 5 Го бараше Бога за време на животот на Захариј, кој го учеше на Божји страв; додека го бараше Господа, Бог му даваше среќа. 6 Тој излезе и завојува против Филистејците, ги разурна ѕидовите на Гат, ѕидовите на Јавна и ѕидовите на Азот; соѕида градови по Азот и по Филистеја. 7 Бог му помагаше против Филистејците и против Арабјаните, кои живееја во Гур-Вал, и против Маонците. 8 Амонците му даваа данок на Озиј, а неговиот глас се разнесе до Египет, зашто се беше засилил многу. 9 Озиј изгради стражарници во Ерусалим кај Аглената Врата и кај Долинската Врата, и на аголот, та ги укрепи. 10 Изгради стражарници во пустината и ископа многу кладенци, зашто имаше многу добиток и во Шефел и по Рамницата, орачи и лозари во горите и на Кармил, зашто го сакаше земјоделството. 11 Озиј имаше војска вешта за бој, која одеше во војна во чети според бројот како што го изброи тајникот Јемал и настојникот Масиј под управата на Ананиј, еден од царевите кнезови. 12 Вкупно имаше на број, семејни главатари, храбри јунаци; две илјади и шест стотини. 13 Под нивна управа беше силна војска од триста седумдесет илјади и пет стотини за бој вешти војници за да му помагаат на царот против непријателите. 14 Озиј и направи на својата војска штитови, копја, кациги, оклопи, лакови и камења за праќките. 15 Направи во Ерусалим вешто измислени бојни справи, пронајдок на градител, за да стојат на стражарниците и на аглите на тврдините, да фрлаат стрели и големи камења; името му се чу надалеку, зашто уживаше чудесна помош сè додека не се засили. 16 Но кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник. 17 Ама по него влезе свештеникот Азариј и со него осумдесет Господви свештеници, чесни луѓе. 18 Тие му се спротивија на царот велејќи: „Не е твое Озиј, да му кадиш на Господа, туку тоа е должност на свештениците, на Ароновите синови, кои се посветени за да кадат. Излегувај од Светилиштето! Постапи незаконски и не ти служи на чест пред Господа Бога!” 19 Тогаш Озиј се расрди држејќи ја во раката кадилницата за да кади; кога се расрди на свештениците, му избувна лепра на челото пред свештениците во Господовиот Дом покрај кадилниот жртвеник. 20 Кога свештеничкиот главатар Азариј и сите свештеници го погледнаа одблизу, а тоа ете, му излегла лепра на челото; бргу го избркаа оттаму, а и тој самиот посака да излезе, зашто Господ го удри. 21 Царот Озиј остана лепрозен до смртта, и живееше во посебна куќа, зашто беше отстранет од Господовиот Дом; неговиот син Јотам беше управител на царскиот дворец и му судеше на народот на земјата. 22 Другите Озиеви дела, од првите до последните, ги опиша Амосовиот син пророкот Исаија. 23 Озиј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во полето крај царската гробница, велејќи: „Лепрозен е.” На неговото место се зацари син му Јотам.
1 А на Јотама му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Еруса, Садокова ќерка. 2 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како татко му Озиј; само што не влезе во Господовиот Храм. Народот и натаму беше расипан. 3 Ја изгради Горната Врата на Господовиот Дом; градеше многу и на Офилскиот Ѕид. 4 Соѕида и градови по Јудејската Гора, а во горите дворци и стражарници. 5 Војуваше против царот на Амоновите синови и ги победи. Во таа година Амоновите синови му дадоа сто сребрени таланти и десет илјади кори пченица и десет илјади кори јачмен. Амоновите синови му платија толку и во втората и во третата година. 6 Така Јотам се зацврсти, зашто го среди својот живот пред Господа, својот Бог. 7 Другите Јотамови дела и сите негови војни и патишта запишани се во книжниот Свиток за израелските и јудејските цареви. 8 Му беа дваесет и пет години кога се зацари, царуваше шеснаесет години во Ерусалим. 9 Тогаш Јотам почина кај татковците, и го погребаа во Давидовиот Град. На неговото место зацари син му Ахаз.
1 На Ахаз му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во Господвите очи, како што правеше неговиот татко Давид. 2 Живееше како израелските цареви, па им излеа и ликови на вааловците. 3 Самиот кадеше во долината на Еномовиот син и ги помина сопствените синови низ оган, според гнасниот обичај на кривобожечките народи што Господ ги протера пред Израелевите синови. 4 Принесуваше жртви и кадеше по високите места и брежињата и под секое зелено дрво. 5 Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на сирскиот цар, та тој го разби, му зароби мноштво луѓе и го одведе во Дамаск. Уште беше предаден во рацете на израелскиот цар, кој го порази тешко. 6 Ремалиевиот син Фекај погуби меѓу Јудејците сто дваесет илјади храбри јунаци во еден ден, зашто го беа оставиле Господа, Бога на своите татковци. 7 А јунакот од Ефремовото племе Зихриј ги погуби царевиот син Масиј и дворскиот управител Азрикам, втор до царот. 8 Израелевите синови заробија од своите браќа двеста илјади жени, синови и ќерки, а зедоа и голем плен од нив и го однесоа во Самарија. 9 Таму имаше Господов пророк по име Одид; тој излезе пред војската што одеше во Самарија и рече: „Ете, Господ, Бог на вашите татковци, се разгневи на Јудејците и затоа ги предаде во вашите раце, та ги погуби гневно така што допре до небото. 10 А сега уште мислите да ги ставите под бреме Јудејците и Ерусалимците за да ви бидат робови и робинки; а сепак, не сте ли и вие полни со вина спрема Господа, својот Бог? 11 Затоа послушајте ме сега и вратете го тоа робје што го заробивте од своите браќа, зашто Господовиот гнев ќе се излее врз вас.” 12 Тогаш станаа некои од главатарите на Ефремовите синови, и тоа Јоанановиот син Азариј, Месилемотовиот син Варахиј и Салумовиот син Езекија, Адлаевиот син Амас, на оние што се враќаа од војската. 13 Па им рекоа: „Не доведувајте го наваму тоа робје, зашто покрај вината што е врз нас пред Господа, вие мислите да додадете уште на нашите гревови и на нашата кривица, како да не се доста нашата голема вина и јаросниот гнев на Израел.” 14 Тогаш војниците ги оставија робјето и пленот пред кнезовите и пред сиот собир. 15 Тогаш спомнатите по име луѓе станаа, ги охрабрија робовите, ги облекоа сите голи во облека од пленот; а кога ги облекоа, ги обуја, ги нахранија, ги напоија, ги намачкаа и ги поведоа на магариња сите изнемоштени, ги одведоа во палмовиот град Ерихон до нивните браќа, а потоа се вратија во Самарија. 16 Во тоа време царот Ахаз ги замоли асирските цареви да му помогнат. 17 Едомците пак беа нападнале и ги поразија Јудејците та ги одведоа во робје. 18 Филистејците се раширија по градовите на Јудејскиот Шефел и Негев и, откако ги зазедоа Вет-Самес, Ејалон, Гедирот и Сохот со селата, Тамна со селата и Гимзон со селата, се населија таму. 19 Господ почна да ги понижува Јудејците заради Јудејскиот цар Ахаз, зашто Ахаз ги разузда Јудејците и тешко грешеше против Господа. 20 Асирскиот цар Телгат-Фелнасар дојде против него, и го притесна место да го зајакне. 21 Ахаз ги ограби Господовиот Дом, царскиот дворец и кнезовите и сè тоа му го даде на асирскиот цар, ама ништо не му помогна. 22 Додека беше во неволја, му стана поневерен на Господа; таков беше царот Ахаз. 23 Почна да им жртвува на дамаските богови, кои го поразија, мислејќи: „Кога боговите на арамејските цареви им помагаат ним, ќе им жртвувам за да ми помагаат и мене.” Но тие им беа на пропаст нему и на сиот Израел. 24 Ахаз ги собра посатките од Господовиот Дом, ги искрши, ја затвори вратата на Господовиот Дом и подигна жртвеници по сите агли во Ерусалим. 25 И во секој одделен јудејски град подигна високи места за да им кади на туѓите богови, дразнејќи го Господа, Бога на татковците. 26 Другите негови дела и сите негови патишта, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. 27 Тогаш Ахаз почина кај татковците. Го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробницата на јудејските цареви. На неговото место се зацари син му Езекија.
1 На Езекија му беа дваесет и пет години кога се зацари, царуваше дваесет и пет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерка Захариева. 2 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и неговиот татко Давид. 3 Во првата година на првиот месец на своето царување ги отвори вратите на Господовиот Дом и ги поправи. 4 Тогаш ги повика свештениците и левитите и, откако ги собра на источниот плоштад, 5 рече: „Чујте ме левити! Посветете се сега и посветете го Домот на Господа, Бога на своите татковци, и отстранете ја нечистотата од Светилиштето. 6 Нашите татковци згрешија и правеа зло во очите на Господа, нашиот Бог. Го оставија и го одвратија лицето од Господовиот Шатор, свртувајќи му го грбот. 7 Ги затворија тремските врати и ги изгаснаа светилките; не кадеа со темјан ниту принесуваа паленици во Светилиштето на Израелевиот Бог. 8 Затоа Господ се расрди на Јудејците и на Ерусалимците, та дозволи да бидат измачувани и да бидат за ужас и за потсмев, како што гледате со своите очи. 9 И нашите татковци, ете, паднаа од меч, а синовите, ќерките и жените затоа ни се во ропство. 10 И така, сега смислив во своето срце да склучам Завет со Господа, со Израелевиот Бог за да се одврати од нас Неговиот јаростен гнев. 11 Деца мои, не бидувајте сега мрзливи, зашто Господ ве избра за да стоите пред Него, за да му служите и за да му бидете слуги и за да му кадите.” 12 Тогаш станаа левитите: Амасеевиот син Мат и Азаревиот син Јоил од Катовите синови; од Мораровите синови Авдиевиот син Кис и Јалелеиловиот син Азариј; од Гирсоновците Зиминиот син Јоах и Јоаховиот син Еден; 13 од Елисафановите синови: Симриј и Јеил од Асафовите синови: Захариј и Матаниј; 14 од Амоновите синови Јеил и Симеј; од Једутуновите синови: Семај и Озик. 15 Тие ги собраа браќата, се посветија и дојдоа, како што заповеда царот според Господовите зборови за да го очистат Господовиот Дом. 16 Свештениците влегоа во Господовиот Дом за да го очистат. Почнаа сета нечистота што ја најдоа во Господовиот Храм, да ја изнесуваат во дворот на Господовиот Дом; а левитите ја примаа изнесувајќи ја надвор до потокот Кедрон. 17 Почнаа да посветуваат во првиот ден на првиот месец, а во осмиот ден од истиот месец влегоа во Господовиот трем; го осветуваа Господвиот Дом осум дена; завршија во шеснаесетиот ден на првиот месец. 18 Тогаш влегоа кај царот Езекија и рекоа: „Го исчистивме сиот Господов Дом: жртвеникот за паленици со сиот негов прибор, столот за принесените лебови со сиот негов прибор, 19 а сите посатки кои ги зафрли царот Ахаз додека царуваше и грешеше, пак ги обновивме и осветивме; ене ги пред Господовиот жртвеник.” 20 Тогаш царот Езекија стана рано, ги собра градските кнезови и отиде во Господовиот Дом. 21 Доведоа седум млади јунци, седум овни, седум јагниња, седум јарци за грев, за царството и за Светилиштето и за Јуда; тој им заповеда на Ароновите синови свештеници да ги принесат за паленица на Господовиот жртвеник. 22 Откако ги заклаа говедата, свештениците ја зедоа крвта и го попрскаа жртвеникот, ги заклаа јагнињата и со крвта го попрскаа жртвеникот. 23 Ги доведоа јарците за грев пред царот и пред соборот та ги ставија рацете врз нив. 24 Тогаш свештениците ги заклаа и го очистија со нивната крв жртвеникот, зашто царот беше заповедал да бидат принесени паленица и жртва за грев за сиот Израел. 25 Постави во Господовиот Дом левити со кимвали, со псалтири и со гуслиња, како беше заповедал Давид, царевиот гледач Гад и пророкот Натан, зашто заповедта доаѓаше од Бога преку Неговите пророци. 26 Така левитите стоеја со Давидовите свирки, а свештениците со трубите. 27 Тогаш Езекија заповеда да ја пронесат паленицата врз жртвеникот. Кога почна принесувањето на паленицата, почна Господовата песна покрај звуците на роговите и на свиралките на израелскиот цар, Давид. 28 Сиот собор се поклонуваше, пеачите пееја, а трубите трубеа, и тоа сè додека не сврши паленицата. 29 Кога сврши принесувањето на паленицата, царот и сите кои беа со него паднаа набожно на колена и се поклонија. 30 Тогаш царот и кнезовите им заповедаа на левитите да Го фалат Господа со зборовите на Давида и на гледачот Асаф; тие почнаа да фалат со најголема веселба, паднувајќи ничкум, се поклонија. 31 Тогаш Езекија проговори: „Сега вие се посветивте на Господа; пристапете и донесете ги жртвите и благодарните приноси во Господовиот Дом.” Сиот собир донесе закланици и благодарници. Секој што имаше волно срце, принесе паленици. 32 Палениците што ги донесе собирот беа на број: седумдесет говеда, сто овни, двеста јагниња, сè за паленици на Господа. 33 Другите посветени дарови беа шест стотини говеда и три илјади грла ситен добиток. 34 Но свештениците беа премалку, така што не можеа да ги одерат сите паленици; затоа им помагаа браќата левити, додека не се сврши работата и додека не беа посветени други свештеници, зашто левитите беа со погорливо срце за да се посветат отколку свештениците. 35 Беа и многу паленици со лојта од помирителните жртви, и со налевници при палениците. Така, пак беше обновена службата во Господовиот Дом. 36 И Езекија се веселеше, и сиот народ со него, зашто Бог му подготви на народот, бидејќи се тоа се случи ненадејно.
1 Потоа Езекија им порача на сите Израелци и Јудејци, па им напиша и писма на Ефремовото и Манасиевото племе, да дојдат во Господовиот Дом во Ерусалим за да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог. 2 Царот, советувајќи се со кнезовите и со сиот собор во Ерусалим, одлучи да ја слават Пасхата во вториот месец. 3 Тоа не можеа да го направат во право време зашто немаше доста посветени свештеници, и народот не се имаше собрано во Ерусалим. 4 И тоа беше право во царевите очи и во очите на сиот собор, 5 па одредија да биде разгласен по сиот Израел од Вир-Савеа па до Дан за да дојдат и да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог, во Ерусалим, зашто премногу не ја празнуваа како што е пропишано. 6 Така отидоа гласниците со писмата од царот и од неговите кнезови, по сиот Израел и Јуда, та зборуваа според царевата заповед: „Израелеви синови, обратете му се на Господа, на Аврамовиот, Исаковиот и Израелевиот Бог, па и Тој ќе се обрати кон Остатокот, кој ви остана од рацете на асирските цареви. 7 И немојте да бидете како вашите татковци и вашите браќа, кои Му згрешија на Господа, Бога на своите татковци, та ги предаде на пропаст, како гледате и самите. 8 И така, не бидете тврдоврати како вашите татковци: протегнете ја раката кон Господа и дојдете во Неговото Светилиште, што го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својот жесток гнев. 9 Ако Му се обратите на Господа, вашите браќа и вашите синови ќе најдат мислост во оние кои ги заробија, па ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, вашиот Бог, е милостив и милосрден, и нема да го одврати Своето лице од вас, ако вие Му се обратите Нему.” 10 И така гласниците тргнаа од град до град по Ефремовата и Манасиевата Земја па до Завулон, а луѓето им се потсмеваа и се подигруваа со нив. 11 Сепак некои од Асировото, од Манасиевото и од Завулоновото племе се смирија и дојдоа во Ерусалим. 12 На Јудејците пак слезе Божјата рака и ги проникна со еднодушност за да прават што беа заповедале царот и кнезовите по Господовото слово. 13 Многу народ се собра во Ерусалим за да го прослават Празникот на пресните лебови, во вториот месец; собирот беше многу голем. 14 Тогаш станаа и ги отстранија жртвениците што беа во Ерусалим, ги отстранија сите кадилници и ги фрлија во потокот Кедрон. 15 Тогаш почнаа да ја колат Пасхата во четиринаесеттиот ден на вториот месец, а свештениците и левитите се засрамија и откако се посветија, почнаа да ги внесуваат палениците во Господовиот Дом. 16 Застанаа на своето место според правилото, според Законот на Мојсеј, Божјиот човек; свештениците прскаа со крв, примајќи ја од рацете на левитите. 17 Бидејќи имаше мнозина во соборот кои не се посветија, левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите кои не беа чисти, за да Му ги посветат на Господа. 18 Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого, 19 кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!” 20 Господ го послуша Езекија и му прости на народот. 21 Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава. 22 Езекија ги храбреше левитите, кои покажуваа добро знаење и приврзаност кон Господа. Ја јадеа свечената жртва седум денови принесувајќи помирителни жртви и славејќи го Господа, Бога на своите татковци. 23 Потоа сиот собор, советувајќи се, одлучи да празнуваат уште седум денови; прославуваа уште седум денови со веселба. 24 Јудејскиот цар Езекија му подари на соборот илјади млади јунци и седум илјади грла ситна стока; а кнезовите му подарија на соборот илјада млади јунци и десет илјади грла ситен добиток; тогаш се посветија многу свештеници. 25 Така се повесели сиот јудејски собор, и свештениците и левитите, и сиот собор што дојде од Израел, и придојдениците, кои беа дошле од Израелската Земја, и жителите во Јудеја. 26 Беше голема веселба во Ерусалим зашто од времето на Давидовиот син Соломон, израелскиот цар, не беше така во Ерусалим. 27 Тогаш свештениците и левитите станаа та го благословија народот: нивниот глас беше послушан, а нивната молитва допре до Божјото Свето Живеалиште на небото.
1 Кога сврши сè тоа, сите Израелеви синови, кои се најдоа таму, навлегоа по јудејските градови та ги кршеа столбовите ги сечеа ашерите и ги оборуваа високите места и жртвениците по сето Јудино, Венијаминово, Ефремово и Манасиево племе додека не завршија. Тогаш сите Израелеви синови се вратија секој на својот имот, во своите градови. 2 Езекија пак ги среди свештеничките и левитските редови, секого според неговата служба, свештениците и левитите, за палениците и за помирителните жртви, за да служат, за да Го слават и да Го фалат Господа пред вратите на Господовиот стан. 3 Одреди царски придонес од својот имот за палениците, за утринските и вечерните паленици и за палениците што се принесуваат во сабота, при млада месечина и на празници, како што е напишано во Господовиот Закон. 4 Му заповеда на народот, на ерусалимските жители, да им даваат дел на свештениците и на левитите, за да се зајакнат во Господовиот Закон. 5 Кога се разгласи тоа, Израелевите синови почнаа да донесуваат првини жито, ново вино, масло и мед, и секаков полски плод, и донесуваа изобилни десетини од сè. 6 Израелевите и Јудините синови, кои живееја во јудејските градови, исто така донесуваа десетина од говедата и од ситниот добиток и десетина од светите работи, посветени на Господа, нивниот Бог; донесуваа и даваа сè куп врз куп. 7 Во третиот месец почнаа да прават купови, а во седмиот месец завршија. 8 Тогаш Езекија дојде, со кнезовите и откако ги здогледа куповите, ги благословија Господа и неговиот израелски народ. 9 Потоа Езекија се распраша кај свештениците и левитите за куповите. 10 Одговарајќи, свештеничкиот главатар Азариј, од Садоковиот дом, рече: „Откако почнаа да ги донесуваат овие приноси во Господовиот Дом, јадеме и сме сити а многу и остана, зашто Господ го благослови Својот народ, та го има во изобилие ова множество.” 11 Тогаш Езекија заповеда да се подредат собите во Господовиот Дом, кога ги подготвија, 12 почнаа да ги внесуваат таму приносите десетините и светините; над тоа беа настојници левитот Хонаниј и брат му Симеј, втор од него. 13 А Ехил, Азазиј, Нахат, Асил, Јеримо Јозавед, Елиел, Исмахиј, Мат и Бенај беа настојници покрај Хонаниј и брата му Симеј, по налог на царот Езекија и Азариј, старешината во Божјиот Дом. 14 Кореј, син на левитот Емна, вратар на источната врата, беше над доброволните Божји приноси, за да ги раздава Господовите приноси, и најважните од посветените работи. 15 Под нив беа Еден, Минијамин, Исус, Семај, Амариј и Сеханиј по свештеничките градови, за да им делат совесно на своите според нивните редови, како на големиот така и на малиот, 16 освен машките постари од триесет години запишани во родовниците - на сите кои доаѓаа во Господовиот Дом на својата секојдневна работа, за нивните служења, за нивните должности по нивните редови. 17 Во родовниците беа внесени свештениците според нивните поколенија и левитите од дваесет години нагоре според нивните служби, по нивните редови. 18 Во родословниците беа внесени сите нивни деца, нивни жени, нивни синови и нивни ќерки, во сиот собор, зашто им се посветија искрено на светините. 19 Ароновите синови, свештениците на полските пасишта на своите градови, во секој одделен град, беа одредени по име, за да му даваат дел на секое машко меѓу свештениците. Левитите ги составија сите родословници. 20 Езекија направи така по сета Јудеја, извршувајќи што е добро право и вистинско пред Господа, својот Бог. 21 Во секоја работа што ја почнувал за служба во Божјиот Дом и во законот и во заповедите, барајќи го Бога, се трудеше со сето свое срце и успеваше.
1 По тие настани и докази за верност, асирскиот цар Сенахирим им дојде и откако влезе во Јудеја, ги опколи утврдените градови мислејќи да ги освои. 2 Езекија, откако виде дека дојде Сенахирим и како наумува да завојува против Ерусалим, 3 се посоветува со кнезовите и со јунаците, за да ги засипе водните извори што беа надвор од градот. Тие му помогнаа нему. 4 Се собра многу народ, та ги засипа сите извори и потокот што течеше сред земјата; зборуваа: „Зошто асирските цареви да најдат толку вода кога ќе дојдат!” 5 Езекија се ободри го обнови сиот соборен ѕид и подигна стражарници врз него; однадвор изгради друг ѕид и го зацврсти Милон во Давидовиот Град; направи многу копја и штитови. 6 Потоа постави началници над народот и ги повика кај себе на плоштадот покрај Градската Врата, ги охрабри со овие зборови: 7 ”Бидете храбри и јунаци; не бојте се и не плашете се од асирскиот цар, ни од сето мноштво што е со него зашто со нас е Посилниот отколку со него; 8 со него е телесната мишка, а со нас е Господ, Бог наш, за да ни помага и за да ги војува нашите боеви.” Народот се надеваше во зборовите на јудејскиот цар Езекија. 9 Потоа асирскиот цар Сенахирим, додека беше кај Лахис со сета бојна сила, испрати слуги во Ерусалим кај јудејскиот цар Езекија и кај сите Јудејци, кои беа во Ерусалим, и им порача: 10 ”Асирскиот цар Сенахирим вели вака: ‘Во што се надевате стоејќи опсадени во Ерусалим? 11 Зар не ве заведува Езекија за да ве предаде на смрт од глад и од жед кога зборува: „Господ, нашиот Бог ќе не избави од рацете на асирскиот цар?” 12 Нели тој Езекија ги отстрани неговите високи места и неговите жртвеници и им заповеда на Јудејците и на Ерусалимците говорејќи: „Клањајте се пред еден жртвеник и кадете врз него!” 13 Зар не знаете што направив јас и моите предци од сите земни народи? Зар боговите на земните народи можеа да ги избават своите земји од мојата рака? 14 Кој од сите богови на оние народи, што моите предци ги уништија сосем, можеше да избави народ од мојата рака, за да може вашиот Бог да ве избави вас од мојата рака? 15 Затоа немојте сега Езекија да ве измамува и да ве заведува така, и не верувајте му! Зашто ниеден бог на ниеден народ или царство не можеше да го избави својот народ од мојата рака, ни од раката на моите предци, а камоли вашиот Бог ќе ве избави од мојата рака!’” 16 Неговите слуги уште повеќе ги напаѓаа Бога Господа и неговиот слуга Езекија. 17 Напиша и писмо хулејќи Го Господа, Израелевиот Бог: „Како што боговите на земните народи не ги избавија своите народи од мојата рака, така ни Езекиевиот Бог не ќе го избави Својот народ од мојата рака.” 18 И му викаа со силен глас, на јудејски јазик, на ерусалимскиот народ, кој беше на ѕидот за да го уплашат и да го смутат, како би го презеле градот. 19 Зборуваа за ерусалимскиот Бог како за боговите на земните народи, за боговите што се дело на човечките раце. 20 Затоа царот Езекија и пророкот Исаиј, Амосовиот син, се помолија и го повикаа небото на помош. 21 Тогаш Господ испрати ангел, кој ги уништи сите храбри јунаци, заповедниците и началниците во војската на асирскиот цар, така што се врати засрамен во својата земја. А кога влезе во храмот на својот бог, го сосекоа таму со меч некои, кои се родија од неговото крило. 22 Така Господ ги спаси Езекија и ерусалимските жители од раката на асирскиот цар Сенахирим и од раката на непријателите, та им даде мир отсекаде. 23 Мнозина им донесуваа дарови на Господа во Ерусалим и скапоцености на јудејскиот цар Езекија. Потоа Езекија се возвиши во очите на сите народи. 24 Во тоа време Езекија се разболе на смрт, ама Му се помоли на Господа, Кој му проговори и направи чудо. 25 Но Езекија не му се оддолжи на добротворството што му беше искажано, туку се возгордеа; затоа гневот дојде врз него, врз Јуда и врз сиот Ерусалим. 26 Но Езекија се понижи затоа што му се беше возгордеало срцето, и тој и Ерусалимците, па така Господовата расрденост не дојде врз нив за време на Езекиевиот живот. 27 Езекија придоби многу големо богатство и слава; направи ризница за сребро и злато, за скапоцени камења, за мириси, за штитови и за секакви скапоцени посатки; 28 складишта за родот на житото, на новото вино и за маслото, простории за секаков добиток, огради за стадата. 29 Подигна и градови, имаше многу добиток, ситна стока и говеда, зашто Господ му даде мошне голем имот. 30 Истиот Езекија го засипа горниот извор на Гионската Вода и ја сврте право на западната страна од Давидовиот Град. Езекија беше среќен во секоја работа. 31 Само кога дојдоа пратениците на вавилонските кнезови, испратени кај него за да се распрашаат за чудото што стана во земјата, Бог го остави, за да го испита и за да се сознае сè што му е во срцето. 32 Другите Езекиеви дела, и неговата набожност, се запишани во пророчките виденија на пророкот Исаиј, Амосов син, и во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. 33 Езекија почина кај своите татковци. Го погребаа на угорништето по кое се оди кон гробовите на Давидовите синови. По смртта сите Јудејци и Ерусалимци му оддадоа почест. На негово место се зацари син му Манасиј.
1 На Манасиј му беа дванаесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим. 2 Правеше што е зло во Господовите очи, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. 3 Ги обнови високите места што им ги имаше оборено татко му Езекија, му подигна жртвеник на Ваал , направи ашери и почна да и се клања на сета небеска војска и да и служи. 4 Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кого Господ беше рекол: „Во Ерусалим ќе престојува Моето Име засекогаш.” 5 изгради жртвеници на сета небеска војска и во обата преддворја на Господовиот Дом. 6 И своите синови ги преведе низ оган во долината на Еномовиот син. Вражаше, гаташе, маѓепсуваше, создаде бајачи и повикувачи на мртви, и воопшто направи премногу зло во Господовите очи разгневувајќи Го. 7 Направи кип на божество, и го постави во Божјиот Дом, за кого Бог им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе го поставам Своето Име довека. 8 Не ќе давам веќе ногата на Израелците да се повлече од земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сè што им заповедав: сиот Закон, одредбите и обичаите дадени преку Мојсеј.” 9 Но Манасиј ги заведе Јудејците и ерусалимците та правеа уште полошо од народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови. 10 Господ ги опоменуваше Манасиј и неговиот народ, но тие не послушаа. 11 Затоа Господ ги доведе против нив военачалниците на асирскиот цар. Го фатија Манасиј со куки, го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон. 12 Кога се најде во неволја, почна да Му се моли за милост на Господа, својот Бог, длабоко се покаја пред Бога на татковците. 13 Се молеше и Бог му се смилува те го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасиј созна дека Господ е Бог. 14 Потоа го изгради надворешниот ѕид на Давидовиот Град западно од Гион, од долината на Рибната Врата, и го препаша со ѕид Офил, изведувајќи го мошне високо. Постави военачалници во сите утврдени градови во Јуда. 15 Освен тоа ги отстрани од Господовиот Дом туѓинските богови, оној вајан кип и сите жртвеници што ги имаше изградено на гората на Господовиот Дом и во Ерусалим и сите ги фрли надвор од градот. 16 Потоа пак го подигна Господовиот жртвеник и жртвуваше врз него помирителни жртви и благодарници. Им заповеда и на Јудејците да му служат на Господа, Израелевиот Бог. 17 Сепак народот уште жртвуваше по високите места, но само на Господа, на својот Бог. 18 Другите Манасиеви дела, и неговата молитва кон Бога, зборовите што му ги кажуваа гледачите во Името на Господа, Израелевиот Бог, се запишани во книгата на израелските цареви. 19 Неговата молитва, и како беше послушан, сите негови гревови и неговите беззаконија, и местата на кои изгради високи места, подигна ашери и кипови пред да се понижи - сето тоа е запишано во книгата на Хозај. 20 Тогаш Манасиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во дворецот. На неговото место се зацари син му Амон. 21 На Амона му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. 22 Правеше што е зло во Господовите очи, како и татко му Манасиј, зашто тој им принесуваше жртви и им служеше на сите кипови на божествата што ги имаше направено неговиот татко Манасиј. 23 Но не се смири пред Господа како што се смири татко му Манасиј, туку уште и ја умножи својата вина. 24 Тогаш неговите слуги се заверија против него и го убија во домот негов. 25 Ама простиот народ ги погуби сите оние кои се заговорија против царот Амон и на неговото место го зацарија сина му Јосиј.
1 На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим. 2 Правеше што е право во Господовите очи. Во сè одеше по патиштата на таткото Давид, не свртувајќи ни десно ни лево. 3 Во осмата година на царувањето, додека беше уште дете, почна да Го бара Бога на таткото Давид, а во дванаесеттата година почна да ги чисти Јудеја и Ерусалим од високите места, ашерите, од режаните и вајаните ликови. 4 Пред него ги оборија жртвениците на Ваал а, ги скрши сончевите столбови кои беа врз нив; ги искрши и ги сотре ашерите и вајаните и леаните ликови, ги истури по гробовите на оние што им принесуваа жртви. 5 Ги спали коските на свештениците на нивните жртвеници и така ги очисти Јудеја и Ерусалим. 6 Исто направи и по градовите на Манасиевото, Ефремовото и Симеоновото племе, па до Нефталимовото, по нивните запустени места наоколу. 7 Ги обори жртвениците и ашерите, ги раскова и ги сотре вајаните ликови и ги исече сите сончеви столбови по сета Израелска Земја, а тогаш се врати во Ерусалим. 8 Во осумнаесеттата година на царувањето, откако ги очисти земјата и Храмот, ги испрати Азалиевиот син Сафан, градскиот управител Масиј, Јоахазовиот син Јоах, тајник, за да го поправат Домот на Господа, неговиот Бог. 9 Тие дојдоа кај врховниот свештеник Хелкиј и му ги предадоа сребрениците донесени во Божјиот Дом, што ги беа собрале левитите, чувари на Храмскиот Праг, од раката на Манасиевите и Ефремовите синови, и од сиот Израелев Остаток, од сето Јудино и Венијаминово племе, од ерусалимските жители. 10 Им го предадоа тоа во рацете на работоводителите, поставени над Господовиот Дом, а тие им издаваа на трудбениците, кои работеа во Господовиот Дом, поправајќи го тоа што беше во истрошена состојба и обновувајќи го Храмот. 11 Им дадоа на дрводелците и на градителите за да купуваат делкан камен и дрво за греди, и за да бидат поправени куќите, што ги разурнаа јудејските цареви. 12 Тие луѓе ја вршеа совесно работата; над нив беа поставени Јат и Овадиј, левити од Мерариевите синови, и Захариј и Месулам од Катовите синови. Сите левити беа искусни на свиралки. 13 Едни беа над бременосците и над настојателите на сите трудбеници во секоја служба, а други од левитите беа писари, надзорници и вратари. 14 Кога ги изнесуваа сребрениците донесени во Господовиот Дом, свештеникот Хелкиј го најде Свитокот на Господовиот Закон, даден преку Мојсеја. 15 И, во одговор, Хелкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдов Свитокот на Законот во Господовиот Дом.” Хелкиј му го даде книжниот свиток на Сафана. 16 Сафан му го однесе книжниот свиток на царот и го извести: „Твоите слуги работат сè што им е доверено. 17 Откако ги собраа сребрениците што ги најдоа во Господовиот Дом, им ги предадоа во рацете на работоводителите и на трудбениците.” 18 Тогаш тајникот Сафан му јави на царот: „Свештеникот Хелкиј ми даде еден книжен свиток.” И Сафан почна да го чита пред царот. 19 Откако ги чу зборовите на Законот, царот ги раскина своите облеки. 20 И им нареди на Хелкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Авдон, на тајникот Сафан и на царевиот слуга Асај: 21 ”Одете и прашајте Го Господа за мене и за Остатокот на Израел и Јудеја, заради овој книжен свиток што е најден, зашто е голем Господовиот гнев, што се излеа на нас затоа што нашите татковци не ги пазеа Господовите зборови, не правеа што е напишано во книжниот свиток.” 22 Хелкиј со царевите луѓе отиде кај пророчицата Олда, жената на Салум, Текуевиот син, син на Асра, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го кажаа тоа, 23 таа им рече: „Господ, Израелевиот Бог, вели вака: ‘Кажете му на човекот кој ве прати кај мене: 24 Господ вели вака: „Еве, ќе доведам несреќа на овој град и на неговите жители, ќе ги извршам сите клетви напишани во книжниот свиток, што го прочитаа пред јудејскиот цар. 25 Зашто Ме оставија и му кадеа на туѓите богови за да Ме лутат со делата на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и не ќе изгасне.’”‘ 26 А на јудејскиот цар, кој ве испрати по Господов совет, речете му го ова: ‘Господ, Израелевиот Бог, зборува вака: „Ги чу зборовите. 27 Ама бидејќи ти смекна срцето, и зашто се смири пред Бога откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, и смирувајќи се пред Мене, ги раскина облеките и плачеше, затоа те послушав - вели Господ! 28 Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот, за да не ја видиш сета несреќа што ќе ја навалам врз ова место и на неговите жители.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот. 29 Тогаш царот испрати да ги соберат сите јудејски и ерусалимски старешини. 30 Потоа царот се искачи во Господовиот Дом, со сите Јудејци, со Ерусалимците, со свештениците, со левитите и со сиот народ, од најголемиот до најмалиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот Свиток на Заветот, што е најден во Господовиот Дом. 31 Царот, стоејќи на своето место, го обнови пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, та да ги исполни сите зборови на Заветот, што се напишани во книжниот свиток. 32 И сите кои се најдоа во Ерусалим и Венијаминовото племе ги повика да пристапат; и Ерусалимците се прифатија за Заветот на Бога, на Бога на своите татковци. 33 Тогаш Јосиј ги отстрани сите гнасности од сите израелски краеви, и направи така што сите кои се најдоа во Ерусалим да почнат да Му служат на Господа, својот Бог. За време на сиот негов живот не отстапија од Господа, Бога на своите татковци.
1 Потоа Јосиј Му ја празнуваше Пасха на Господа во Ерусалим: пасхалното јагне беше клано во четиринаесеттиот ден на првиот месец. 2 Ги постави свештениците на нивните служби, ободрувајќи ги за служба во Господовиот Дом. 3 Потоа им рече на левитите, кои ги поучуваа сите Израелци и кои Му беа посветени на Господа: „Ставете го светиот Ковчег во Домот што го изгради Давидовиот син Соломон, израелски цар; не смеете веќе да го носите на рамениците; сега служете Му на Господа, својот Бог, и на Неговиот Израелски народ! 4 И подгответе се по татковските домови, по редовите, како што напиша израелскиот цар Давид и како што одреди неговиот син Соломон. 5 Стојте во Светината по редовите на татковските домови на своите браќа, на обичниот народ, и по редот на левитскиот татковски дом. 6 И така колете го пасхалното јагне, та посветете се и подгответе ги своите браќа за да празнуваат како што заповеда Господ преку Мојсеја.” 7 Јосиј му подари на обичниот народ од ситниот добиток јагниња и јариња, сè за Пасхата, на сите кои се најдоа таму, на број триесет илјади и три илјади говеда, сè тоа од царевиот имот. 8 Неговите кнезови доброволно им подарија на народот, на свештениците и на левитите, и тоа: Хелкиј, Захариј и Ехиил, началници во Божјиот Дом, им дадоа на свештениците за Пасха две илјади и шест стотини јагниња и јариња и триста говеда. 9 А Хонаниј, Семај и Натанаил, неговите браќа Асавиј, Јеил и Јозавад, левитски кнезови, им подарија на левитите за Пасхата пет илјади грла ситен добиток и пет стотини говеда. 10 А кога службата беше уредена, свештениците застанаа на своето место и левитите во своите редови според царевата заповед. 11 Ја колеа Пасхата, а свештениците прскаа со крв, додека левитите ја дереа кожата. 12 Тогаш ги подготвија палениците за да му ги дадат на обичниот народ, според редовите на татковските домови, за да ги принесе на Господа, како е напишано во Мојсеевиот книжен свиток. Така направија и со говедата. 13 Ја печеа Пасхата на оган според обичајот, а другите посветени работи ги вареа во грнци, во котли и во садови за печење, и му ги разнесуваа брзо на сиот обичен народ. 14 После ја подготвуваа Пасхата за себе и за свештениците, зашто свештениците, Ароновите синови, беа вработени со принесувањето на палениците и лојта до ноќта; затоа левитите подготвуваа за себе и за свештениците, Ароновите синови. 15 А пејачите, Асафовите синови, стоеја на своето место, како што беше заповедале Давид, Асаф, Еман и царевиот гледач Едутун. Вратарите стоеја при секоја врата; тие не се помрднуваа од службата, туку нивните браќа левитите им подготвуваа сè. 16 Така беше уредена сета Господова служба во оној ден, за да се прослави Пасхата и за да се принесат палениците врз Господовиот жртвеник, според заповедта на царот Јосиј. 17 Така Израелевите синови, кои се најдоа таму, во тоа време, ги празнуваа седум денови Пасхата и Празникот на пресните лебови. 18 Пасха како оваа не се славеше во Израел од времето на пророкот Самоил, ниту еден од израелевите цареви не ја прославуваше Пасхата како што ја славеше Јосиј, со свештениците, со левитите и со сите Јудејци и Израелци, колку што се најдоа, и со Ерусалимците. 19 Таа Пасха беше празнувана во осумнаесеттата година на Јосиевото царување. 20 По сè тоа, кога Јосиј го уреди Домот, дојде египетскиот цар Нехао за да се бие кај Харкемис на Еуфрат, а Јосиј излезе пред него. 21 Царот Нехао му испрати посланици на Јосиј и му нарача: „Што имам јас со тебе јудејски цару? Јас не идам денес против тебе, туку против домот со кој сум во војна, и Бог ми заповеда да побрзам. Не Му се противи на Бога Кој е со мене, за да не те погуби!” 22 Но Јосиј не го одврати лицето од него, туку се охрабри за да се бие со него; не послушувајќи ги Нехаовите зборови од Божјата уста, дојде да се бие на Мегидонското Поле. 23 Стрелците го застрелаа царот Јосиј, а тој им рече на слугите: „Изведете ме, зашто сум тешко ранет.” 24 Слугите го слегоа од бојната кола и го ставија во друга кола што ја имаше, па го префрлија во Ерусалим; таму умре и беше погребан во гробницата на татковците. Сета Јудеја со Ерусалим плачеше по Јосиј. 25 И Еремиј затажи по Јосија. И сите пејачи и пејачки го спомнуваат Јосиј во тажачките до денес; ги воведоа во обичај во Израел, и ене се запишани во Тажачките. 26 Другите Јосиеви дела и неговата набожност, правени онака како што пишува во Господовиот Закон, 27 сите негови потфати, од првите до последните, се запишани во книжниот Свиток за израелските и за јудејските цареви.
1 Тогаш обичниот народ го зеде Јосиевиот син Јоахаз и го зацари во Ерусалим на местото на неговиот татко. 2 Дваесет и три години му беа на Јоахаз кога се зацари. Царуваше три месеци во Ерусалим. 3 Египетскиот цар го симна во Ерусалим и наложи врз земјата данок од сто сребрени таланти и еден златен талант. 4 Египетскиот цар го постави за цар над Јудеја и над Ерусалим неговиот брат Елијаким, променувајќи му го името во Јоаким; неговиот брат Јоахаз беше земен од Нехао и одведен во Египет. 5 На Јоакима му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше единаесет години во Ерусалим; правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог. 6 Вавилонскиот цар Навуходоносор завојува против него и, откако го врза во двојни железни вериги, го одведе во Вавилон. 7 Дел од посатките од Господовиот Дом ги однесе Навуходоносор во Вавилон и ги стави во својот дворец во Вавилон. 8 Другите Јоакимови дела и гнасностите што ги правеше, и што се најде во него, сè е запишано во книжниот Свиток за израелските и за јудејските цареви. На негово место се зацари син му Јоахин. 9 На Јоахина му беа осум години кога се зацари, а царуваше три месеци и десет дена во Ерусалим; правеше што е зло во Господовите очи. 10 При сменувањето на годината, царот Навуходоносор испрати повелба, та го одведоа во Вавилон со скапоценостите од Господовиот Дом, а над Јудеја и над Ерусалим се зацари неговиот брат Седекиј. 11 На Седекија му беа дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. 12 Правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог; не се смири пред пророкот Еремиј, кој му зборуваше од Господовата уста, 13 туку уште и се побуни против царот Навуходоносор, кој го беше заколнал во Бога; остана тврдоглав и упорен во срцето, за да не Му се обрати на Господа, Израелевиот Бог. 14 Па и сите свештенички главатари и народот грешеа многу следејќи ги гнасните дела на јазичниците, онечистувајќи го Господовиот Дом, посветен во Ерусалим. 15 Господ, Бог на нивните татковци, испраќаше кај нив рано Свои гласници, ги праќаше постојано, зашто му беше жал за Својот народ и за Своето Живеалиште. 16 Но тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигна Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немаше лек. 17 Го доведе против нив халдејскиот цар, кој ги стави под меч нивните младинци во домот на нивното Светилиште, не поштедувајќи ги ни младецот ни девојката, ни старецот ни немоќниот. Сè му предаде во рацете. 18 Сите посатки на Божјиот Дом, големите и малите, сокровиштето на Господовиот Дом и царевото благо, богатството на неговите кнезови, сè однесе во Вавилон. 19 Го изгореа Божјиот Дом и го соборија ерусалимскиот ѕид, и ги уништија сите негови скапоцености. 20 Оние кои му избегаа на мечот на Навуходоносор, ги одведе во ропство во Вавилон. Им станаа робови нему и на неговите синови, додека не го снема Персиското Царство. 21 За да се исполни словото што Господ го рече преку Еремиевата уста: „Додека земјата не им се оддолжи на своите саботи, ќе почива за сето време во пустина, додека не се исполнат седумдесет години.” 22 Но во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовото слово објавено преку Еремиевата уста, Господ го подигна духот на персискиот цар Кир, та тој разгласи по сето свое царство усно и писмено: 23 ”Персискиот цар Кир вели вака: ‘Господ, небескиот Бог, ми ги даде сите земни царства. Тој ми наложи да Му изградам Дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него, па нека оди онаму!’”
1 Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовиот збор, објавен преку Еремиевата уста, Господ го вдахнови персискиот цар Кир, та тој објави, усно и писмено, низ целото свое царство: 2 „Вака вели персискиот цар Кир: Сите земни царства ми ги даде Господ, небесниот Бог. Тој ми нареди да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. 3 Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него! Нека оди во Ерусалим во Јудеја, и нека Му гради Дом на Господа, на Израелевиот Бог, на Бога Кој е во Ерусалим. 4 И каде уште да се задржал Остаток од тој народ, жителите во местото каде што престојува нека го помогнат со сребро и злато, со имот и добиток и со доброволни приноси за Божјиот Дом во Ерусалим.” 5 Тогаш главатарите на татковските домови на Јуда и Венијамин, свештениците и левитите, и сите на кои Бог им го подигна духот, станаа и тргнаа да го градат Господовиот Дом во Ерусалим. 6 И сите соседи им помагаа: со сребро, злато, со дарови, со добиток, со многу скапоцености, покрај сè што приложуваа доброволно. 7 Царот им ги изнесе посатките на Господовиот Дом, кои Навуходоносор ги беше однесол од Ерусалим и ги ставил во домот на својот Бог. 8 Персискиот цар, му ги врачи на ризничарот Митридат, кој му ги изброја на јудејскиот кнез Сасавасар. 9 Еве го неговиот попис: златни чинии: триесет; сребрени чинии: илјада и дваесет и девет; 10 златни чаши: триесет; сребрени чаши: четири стотини и десет; други посатки: илјада. 11 Вкупно златни и сребрени посатки: пет илјади и четири стотини. Сасавасар го однесе сè тоа, кога заточениците се враќаа од Вавилон во Ерусалим.
1 Ова се луѓето од онаа покраина, кои се вратија од заточението во Вавилон, каде што ги беше преселил вавилонскиот цар Навуходоносор. Се вратија во Ерусалим и во Јудеја, секој во својот град. 2 Тие стигнаа и со нив Зоровавел, Исус, Неемиј, Серај, Релај, Нахаман, Мордохај, Вилсан, Миспар, Вигвај, Реум и Вана. Еве го пописот на луѓето од Израелевиот народ: 3 Фаросови синови: две илјади сто седумдесет и два; 4 Сефатиини синови: три стотини седумдесет и два; 5 Арахови синови: седум стотини седумдесет и пет; 6 Фат-Моавови синови: то ест Исусови синови и Јоавови синови: две илјади осум стотини и дванаесет; 7 Еламови синови: ијлада двеста педесет и четири; 8 Затуови синови: девет стотини четириесет и пет; 9 Захаеви синови: седум стотини и шеесет; 10 Ваниеви синови: шест стотини четириесет и два; 11 Виваеви синови: шест стотини дваесет и три; 12 Азгадови синови: илјада двеста дваесет и два; 13 Адоникамови синови: шест стотини шеесет и шест; 14 Вигваеви синови: две илјади педесет и шест; 15 Адинови синови: четири стотини педесет и четири; 16 Атирови синови, од Езекиј: деведесет и осум; 17 Висаеви синови: триста дваесет и три; 18 Јорини синови: сто и дванаесет; 19 Асумови синови: двеста дваесет и три; 20 Гиварови синови: деведесет и пет; 21 луѓе од Витлеем: сто двадесет и три; 22 луѓе од Нетоф: педесет и шест; 23 луѓе од Анатот: сто дваесет и осум; 24 луѓе од Бет Азмавет: четириесет и два; 25 луѓе од Киријат-Јарим, Хефир и Вирот: седум стотини четириесет и три; 26 луѓе од Рама и Гаваја: шест стотини дваесет и еден; 27 луѓе од Михмас: сто дваесет и два; 28 луѓе од Ветил и Гај: двеста дваесет и три; 29 Невонски синови: педесет и два; 30 Магвисови синови: сто педесет и шест; 31 синови на еден друг Елам: илјада двеста педесет и четири; 32 Харимови синови: триста и дваесет; 33 Лодови, Адидови и Ононови синови: седум стотини дваесет и пет; 34 Ерихонски синови: триста четириесет и пет; 35 Сенаини синови: три илјади шест стотини и триесет. 36 Свештеници: Једаини синови, то ест од домот на Исуса: девет стотини седумдесет и три; 37 Имирови синови: илјада педесет и два; 38 Пасхорови синови: илјада двеста четириесет и седум; 39 Харимови синови: илјада и седумнаесет. 40 Левити: Исусови и Кадмилови синови од Одуинците: седумдесет и четири. 41 Певци: Асафови синови: сто дваесет и осум. 42 Вратари: Салумови синови, Атирови синови, Талмонови синови, Акувови синови, Атитини синови и Соваеви синови: сè на сè: сто триесет и девет. 43 Нетинци - храмови слуги: Сишини синови, Асуфини синови, Таваотови синови, 44 Иросови синови, Сијаини синови, Фадонови синови, 45 Леванови синови, Агавини синови, Акувови синови, 46 Агавови синови, Самлаеви синови, Ананови синови, 47 Гидилови синови, Гарови синови, Реајинови синови, 48 Ресинови синови, Некодини синови, Газамови синови, 49 Узини синови, Фасеини синови, Висаеви синови, 50 Асеини синови, Меунимови синови, Нефусимови синови, 51 Ваквукови синови, Акуфини синови, Аруриви синови, 52 Васлутови синови, Меидини синови, Арсини синови, 53 Варкосови синови, Сисарини синови, Таминиеви синови, 54 Несиеви синови, Атифини синови. 55 Синови на Соломоновите слуги: Сотаеви синови, Соферетови синови, Ферудини синови, 56 Јелини синови, Дарконови синови, Гидилови синови, 57 Сефатиини синови, Атилови синови, Фохер-Севаимови синови, Амиеви синови. 58 Сè на сè Нетинци и Соломонови слуги: триста дваесет и два. 59 Оние кои тргнаа од Тел Мелах, Тел Арис, Херув, Адан, Имер, а не можеа да докажат дали нивниот дом и нивното семе е од израелско потекло: 60 Делаини синови, Товини синови, Некодини синови - нив шест стотини педесет и два. 61 А од свештеничките синови: Аваини синови, Акосови синови, синовите на Верзелај - на оној, кој зеде за жена една ќерка на Галадецот Верзелај па се нарече со тоа име. 62 Тие ги бараа своите родословни пописи, но не ги најдоа. Беа одлачени од свештенството. 63 И намесникот им забрани да јадат од светините сè додека не се појави свештеник за Урим и Тумим. 64 Сиот собор броеше четириесет и две илјади триста и шеесет души, 65 не сметајќи ги нивните слуги и слугинки, кои беа седум илјади триста и седум. Беа и двеста певци и певици. 66 Нивни коњи имаше седум стотини триесет и шест, нивни мазги двеста четириесет и пет, 67 камили имаше четири стотини триесет и пет, а нивни ослиња вкупно шест илјади седум стотини и дваесет. 68 Даден број од главатарите на татковските домови, кога стигнаа во Господовиот Дом, што е во Ерусалим, доброволно приложија дарови за Божјиот Дом, за да биде изграден на своето место. 69 Дадоа според своите можности во ризницата шеесет илјади златници, пет илјади мини сребро и сто свештенички облеки. 70 Свештениците, левитите и дел од народот се населија во Ерусалим; а вратарите, певците, нетинците и сите други Израелци во своите градови.
1 Кога дојде седмиот месец - Израелевите синови веќе беа во своите градови - сиот народ се собра како еден човек во Ерусалим. 2 Тогаш Исус, синот Јоседеков, со своите браќа свештеници, и Зоровавел, синот Салатилов, со своите браќа, почнаа да Му градат жртвеник на Израелевиот Бог, за да принесуваат паленици, како што е напишано во Законот на Мојсеј, Божјиот човек. 3 И подигнаа жртвеник на старото место - иако беа во страв од народот во земјата - и Му принесуваа паленици на Господа, утрински и вечерни паленици; 4 и го славеа празникот Сеници, како што е пишано: принесуваа секојдневно паленици на број одреден за секој ден. 5 Освен тоа принесуваа секојдневни паленици, потоа жртви одредени за млади месечини, и за сите Господови празници, и за сите оние, кои сакаа доброволно да Му жртвуваат на Господа. 6 Од првиот ден на седмиот месец почнаа да Му принесуваат на Господа жртви паленици, иако уште не беа поставени основите на Господовото Светилиште. 7 И им дадоа сребро на каменоресците и на дрводелците; на Сидонците и Тирците им испратија храна, пиење и масло, за да превезат кедрови дрва од Ливан до Јафа според одобрението на персискиот цар Кир. 8 А во втората година по нивното доаѓање при Божјиот Дом во Ерусалим, во вториот месец откако Зоровавел, синот Салатилов, и Исус, синот Јоседеков, со другите свои браќа свештеници, со левитите и со сиот народ, што се врати од ропство во Ерусалим, почнаа да градат, ги поставија левитите од дваесет години нагоре да управуваат со работите околу Господовиот Дом. 9 Исус, неговите синови и неговите браќа Кадмиел, Бинуј и Ходавја беа поставени, како еден, да управуваат со работниците во градењето на Божјиот Дом. 10 Кога ѕидарите ги поставија основите на Господовото Светилиште, се поставија свештениците во свечени облеки, со труби, а исто и левитите, синовите Асафови, со кимвали, да Го слават Господа според одредбите на Давида, Израелевиот цар. 11 И Му пееја на Господа фала и слава: „Зашто е благ, зашто е довека Неговата милост кон Израел.” И сиот народ воскликнуваше славејќи Го Господа, зашто Господовиот Дом беше поставен врз своите основи. 12 Навистина, мнозина свештеници, мнозина левити, и главатари на татковските домови и старешини, кои со свои очи ги видоа основите на поранешниот Храм, плачеа гласно, а мнозина пак воскликнуваа многу гласно од радост. 13 И така никој не можеше да го разликува радосното воскликнување од плачот на народот; зашто народот воскликнуваше гласно, и викањето се слушаше многу далеку.
1 А кога Јудините и Венијаминовите непријатели чуја дека повратниците од пленство Му градат Светилиште на Господа, Израелевиот Бог, 2 ги побараа Зоровавела, Исуса и семејните главатари и им рекоа: „Ние сакаме да градиме со вас, зашто, како и вие, Го бараме вашиот Бог и Нему Му принесуваме жртви од времето на Есар Адон, асириски цар, кој нè доведе тука.” 3 Зоровавел, Исус и главатарите на израелските семејства им одговорија: „Не е за вас да Му градите со нас Дом на нашиот Бог: Ние сами ќе Му градиме на Господа, Израелевиот Бог, како што ни нареди Кир, персискиот цар.” 4 Тогаш народот на онаа земја ги плашеше луѓето на Јудеја и им пречеше во градењето. 5 Ги поткупија советниците да им пречат во замислата: така беше во времето на персискиот цар Кир сè до царувањето на персискиот цар Дариј. 6 А кога се зацари Ахашверош, во почетокот на неговото царување, напишаа обвинение против жителите на Јудеја и Ерусалим. 7 И во времето на Артаксеркс, му пишуваа Вислам, Митредат, Тавеил и другите нивни другари на персискиот цар Артаксеркс против Ерусалим. Поднесокот беше напишан на арамејско писмо и на арамејски јазик. 8 Потоа управителот Реум и тајникот Симсај му напишаа на царот Артаксеркс вакво писмо против Ерусалим: 9 „Управителот Реум, писарот Симсај и другите нивни другари: персиски судии, пратеници, чиновници; Архевци, Вавилонци, Сузанци - то ест Еламци - 10 и другите народи, кои великиот и славен Асурбанипал ги беше одвел во заточение и ги населил во градовите на Самарија и во другите краишта оттаде Реката.” 11 Еве го преписот на писмото што му го испратија: „Цару Артаксерксу, твоите слуги, од онаа страна на Реката. И така, сега, 12 царот нека знае дека Јудејците стигнаа кај нас од тебе; откако дојдоа во Ерусалим имаат желба повторно да го изградат одметничкиот и опак град; подигаат ѕидови, а основите веќе ги поставија. 13 Царот нека знае: ако биде изграден овој град и ѕидовите подигнати, не ќе се плака веќе данок, ни порез, ни царина, и овој град ќе и биде на штета на царската благајна. 14 Бидејќи јадеме дворска сол, не ни прилега да го гледаме овој срам нанесен на царот. И така, затоа го известуваме царот: 15 нека бидат преземени истражувања во летописите на твоите татковци: во тие летописи ќе најдеш и ќе утврдиш дека овој град е одметнички град, несреќен за царевите и покраините и дека во него беа кревани буни од памтивека. Затоа беше разурнат овој град. 16 Го известуваме царот дека нема да биде твое подрачјето преку Реката, ако овој град биде повторно изграден и ѕидовите подигнати!” 17 Царот го испрати овој одговор: „До управителот Реум, до тајникот Симсај и до другите нивни другари, кои престојуваат во Самарија и на друго место, оттаде Реката - мир! Еве, 18 поднесокот што ми го испративте беше прочитан пред мене во неговиот превод. 19 По моја наредба беа преземени истражувања и утврдија дека тој град се кревал од памтивека против царевите и дека во него се збиднуваа востанија и буни. 20 И силни цареви царуваа во Ерусалим, кои господареа со сè од онаа страна на Реката: ним им беа плаќани данокот, порезот и царината. 21 И така, заповедајте да биде прекратен потфатот на оние луѓе: тој град не ќе се ѕида додека не одлучам јас за тоа. 22 Пазете се од секаков пропуст во постапката, за да не порасте злото за штета на царевите.” 23 Откако преписот на одговорот на царот Артаксеркс беше прочитан пред управителот Реум, писарот Симсај и пред нивните другари, тие отидоа брзо во Ерусалим кај Јудејците та им ги забранија со вооружена сила работите. 24 Така беа прекратени работите околу градењето на Божјиот Дом во Ерусалим. Беа прекратени сè до втората година на царувањето на Дариј, персискиот цар.
1 Тогаш пророците Агеј и Захариј, синот Адонов, почнаа да им пророкуваат на Јудејците во Јудеја и Ерусалим, во Името на Израелевиот Бог, Кој беше над нив; 2 тогаш Зоровавел, синот Салатилов, и Исус, синот Јоседеков, станаа и почнаа да го ѕидаат Божјиот Дом во Ерусалим: Божјите пророци беа со луѓето и ги бодреа. 3 Во тоа време дојде кај нив Татнај, управител оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници и ги прашаа: „Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате овие ѕидови? 4 Како се викаат луѓето, кои ја изградија оваа зграда?” 5 Но Божјото око бдееше над јудејските старешини, па не им забранија да работат додека веста не отиде до Дариј и додека не стигна писмен одговор за тоа. 6 Ова е препис на писмото, што му го испратија на царот Дариј: „Татнај, управител од онаа страна на Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници, оттаде Еуфрат.” 7 Тие му испратија извештај со оваа содржина: „На царот Дариј секаков мир! 8 Царот нека знае дека дојдовме во покраината Јудеја кај Домот на великиот Бог: го градат со крупни камења, ѕидовите ги обложуваат со дрво; работата се изведува внимателно и напредува во нивните раце. 9 Ги прашавме нивните старешини и им рековме: ‘Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате неговите ѕидови?’ 10 Ги прашавме и за нивните имиња, за да ти јавиме. Така и ги запишавме имињата на оние, кои заповедаат со луѓето. 11 А тие ни одговорија вака: ‘Ние сме слуги на Бога на небото и земјата; го градиме Храмот што беше изграден пред многу години и што го беше изградил и подигнал големиот цар на Израел. 12 Но кога нашите татковци го расрдија Бога на небото, Тој ги предаде во рацете на Халдеецот Навуходоносор, вавилонскиот цар, кој го разурна Храмов и го одведе народот на заточение во Вавилон. 13 Но во првата година на вавилонскиот цар Кир, царот Кир заповеда да се изгради повторно Божјиов Дом. 14 Уште и златните и сребрените посатки на Божјиот Дом, што Навуходоносор ги беше однесол од Светилиштето во Ерусалим и што ги пренесе во вавилонското светилиште, царот Кир ги зеде од светилиштето во Вавилон и ги предаде на човекот по име Сасавасар, кого го постави управител, 15 и му рече: „Земи ги овие посатки, оди и стави ги во ерусалимското Светилиште, и Божјиот дом нека биде ѕидан на старото место.” 16 И така тој Сасавасар дојде и ги постави основите на Божјиот Дом во Ерусалим. И оттогаш па до денес се гради, и уште не е довршен.’ 17 И така, сега, ако царот сака, нека се истражува во царското писмочувалиште во Вавилон, дали навистина царот Кир дал повелба да се изгради Божјиот Дом во Ерусалим. А царската одлука за тоа нека ни биде соопштена.”
1 Тогаш, по заповед на царот Дариј, почнаа да бараат во Вавилон, во книжницата каде што беа чувани преписките, 2 и најдоа во Екбатана, тврдина во Мидиската Покраина, книжен свиток со оваа повелба: „За спомен. 3 Во првата година на Кировото царување, царот Кир даде повелба за Божјиот Дом во Ерусалим. ‘Домот нека биде изграден како место каде ќе бидат принесувани жртви и каде ќе бидат донесувани приноси за палење. Нека биде висок шеесет лакти и широк шеесет лакти. 4 Три реда нека бидат од големи камења, а еден од дрво. Трошоците ќе бидат подмирени од царскиот дворец. 5 Освен тоа, златните и сребрените посатки од Божјиот Дом, што Навуходоносор ги беше зел од Светилиштето во Ерусалим и ги пренесол во Вавилон, да се вратат и нека бидат на своето место во ерусалимското Светилиште и нека бидат поставени во Божјиот Дом.’ 6 И така, сега Татнају, управителу оттаде Реката, Сетар-Воснају и вашите другари посланици од онаа страна на Реката, оддалечете се оттаму! 7 Оставете: јудејскиот управителот и јудејските старешини нека го градат Божјиот Дом. Божјиот Дом треба да биде изграден на неговото првично место. 8 Еве ги моите повелби за вашето држење кон јудејските старешини за да се изгради повторно Божјиот Дом: од царското благо - то ест од данокот оттаде Реката - нека им се плака внимателно на оние луѓе, без прекратување, 9 и што ќе им треба за жртвите паленици на Бога на небото: јунци, овни и јагниња, и пченица, сол, вино и масло, нека им се дава редовно секој ден, според упатствата на свештениците во Ерусалим. 10 Нека принесуваат жртви за пријатен мирис на Бога на небото, нека се молат за животот на царот и неговите синови. 11 Освен тоа повелам: секој што ќе ја прекрши оваа наредба, нека му извадат греда од куќата, па нека биде погубен на неа, а куќата да му стане затоа буниште. 12 И Бог, Кој таму го настани Своето Име, нека ги обори секој цар и народ, кој би се осмелил да ја прекрши мојата заповед и го разурне Божјиот Дом во Ерусалим! Јас, Дариј, ја дадов оваа наредба. Нека се извршува точно!” 13 Тогаш Татнај, сатрапот оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари, направија онака како што нареди царот Дариј. 14 А еврејските старешини продолжија да градат успешно по вдахновение на пророците Агеј и Захариј, синот Адонов. Го завршија градењето по наредбата на Израелевиот Бог и по наредбата на Кир и Дариј и Артаксеркс, персискиот цар. 15 Храмот беше завршен во дваесет и третиот ден на месецот Адар. Тоа беше во шестата година на владеењето на царот Дариј. 16 Израелците - свештениците, левитите и Остатокот од повратниците од заточение - го осветија радосно Божјиот Дом. 17 За осветувањето на Божјиот Дом жртвуваа сто јунци, двеста овни, четири стотини јагниња и, како жртва за гревовите на целиот Израел, дванаесет јарци - според бројот на Израелевите племиња. 18 Потоа ги поставија свештениците според нивните редови и левитите според нивните разреди за служба во Божјиот Дом во Ерусалим, како што е пропишано во Мојсеевата Книга. 19 Повратниците од заточение ја прославија Пасхата во четиринаесеттиот ден на првиот месец. 20 Сите левити, како еден човек, се очистија: сите беа чисти; ја жртвуваа Пасхата за сите повратници од ропството, за своите браќа свештеници и за себеси. 21 Пасхата ја јадеа Израелците, кои се вратија од ропството, и сите оние кои - откако прекратија со нечистотата на народот на земјата - им се придружија да Го бараат Господа Израелевиот Бог. 22 И го празнуваа радосно празникот Пресни Лебови седум дена: зашто Господ ги исполни со радост и Го сврте кон нив срцето на асирискиот цар, за да ги зајакне нивните раце во работата околу Домот на Бога, на Израелевиот Бог.
1 По тие настани, во времето на царувањето на Артаксеркс, персискиот цар, Езра - син на Серај, синот Азариев, син Хелкиев, 2 син Салумов, син Садоков, син Ахитов, 3 син Амариев, син Азариев, син Мерајотов, 4 син Зераев, син Озиев, син Вукиев, 5 син Ависуев, син Финесов, син Елеазаров, син на врховниот свештеник Арон - 6 тој Езра, се врати од Вавилон. Беше книжевник вешт во Мојсеевиот Закон, што го даде Господ, Израелевиот Бог. Бидејќи раката на Господа, неговиот Бог, беше над него, царот му даде сè што бараше. 7 Одреден број Израелци, свештеници, левити, певци, вратари и слуги тргнаа за Ерусалим во седмата година на царот Артаксеркс. 8 А Ездра дојде во Ерусалим во петтиот месец: тоа беше во седмата царева година. 9 Тргна од Вавилон во првиот ден на првиот месец, а стигна во Ерусалим во првиот ден на петтиот месец: над него беше добрата рака на неговиот Бог! 10 Затоа Езра настојуваше, со сето свое срце, да проникне во Господовиот Закон, да го извршува и да го поучува Израел во законите и уредбите. 11 Еве препис од исправата што царот Артаксеркс му ја даде на свештеникот Езра, книжевник вешт во наредбите и законите, кои Господ му ги даде на Израел: 12 „Артаксеркс, цар на царевите, на свештеникот Езра, писар на Законот на небесниот Бог, потполн мир. 13 Еве ги моите повелби: Секој во моето царство, од израелскиот народ, од неговите свештеници или од неговите левити, кој сака да тргне за Ерусалим, може да дојде со тебе. 14 Освен тоа, те праќа царот, и неговите седум советници, да ги прегледаш Јудеја и Ерусалим според Законот на твојот Бог, што ти е во раката, 15 и да ги однесеш среброто и златото, што царот и неговите седум советници доброволно Му принесуваат на Израелевиот Бог, Кој живее во Ерусалим, 16 и сето сребро и злато што ќе го собереш по сета вавилонска покраина со доброволните приноси, кои народот и свештениците ќе ги принесат за Домот на својот Бог во Ерусалим. 17 И погрижи се со тие сребреници да купиш јунци, овни и јагниња, а исто така и дарови и налевниците што одат со тоа: принеси го тоа врз жртвеникот на Домот на вашиот Бог во Ерусалим. 18 Со среброто и златото што ќе остане направете, ти и твоите браќа, како што ќе ви се свиди најмногу, исполнувајќи ја волјата на вашиот Бог. 19 Посатките што ги прими за служба во Домот на твојот Бог остави ги пред твојот Бог, во Ерусалим. 20 И што ќе треба уште за Домот на твојот Бог и што би требало да се набави, ќе примиш од царската ризница. 21 Јас, царот Артаксеркс, уште им заповедам на благајниците оттаде Реката: сè што ќе побара од вас свештеникот Езра, писар на Законот на небесниот Бог, дајте му веднаш најточно, 22 до сто таланти сребро, сто кори пченица, сто вати вино, сто вати масло, а сол по желба. 23 Сè што ќе нареди небесниот Бог, нека се изврши веднаш со сета горделивост за Домот на небесниот Бог, та Неговиот гнев да не дојде врз царевото царство и врз неговите деца. 24 И уште ви јавуваме дека не смее да се наложува данок, ниту порез, ниту царина ниту на еден од свештениците, левитите, певците, нетинците и на другите службеници на Божјиот Дом. 25 А ти, Езра, според мудроста на твојот Бог, која ја имаш во рацете, постави службеници и судии, кои ќе му судат на целиот народ од онаа страна на Реката, то ест на сите, кои го познаваат Законот на твојот Бог. Кој не знае, поучете го вие. 26 Кој не ќе го извршува Законот на твојот Бог - што е и царев закон - нека биде осуден остро: на смрт, на заточение, на глоба во сребреници или на темница.” 27 Благословен нека е Господ, Бог на нашите татковци, Кој го вдахнови царевото срце за да го прослави Господовиот Дом во Ерусалим, 28 и Кој ја сврти кон мене милоста на царот, на неговите советници и на сите најсилни царски службеници. А јас се осмелив, зашто раката на Господа, мојот Бог, беше над мене, и ги собрав Израелевите главатари да тргнат со мене.
1 Еве ги главатарите на татковските домови со родословието, кои тргнаа со мене од Вавилон за време на владеењето на царот Артаксеркс: 2 Од Финесовите синови: Гирсом; од Итамаровите синови: Даниел; од Давидовите синови: Хатус, 3 Сеханиевите синови; од Фаросовите синови: Захариј и со него запишаните сто и педесет мажи; 4 од Фат-Моавовите синови: Елјоенај, син Зераин, и со него триста мажи; 5 од Затуовите синови: Сеханиј, син Јасилов, и со него триста мажи; 6 од Адиновите синови: Евед син Јонатанов, и со него педесет мажи; 7 од Еламовите синови: Исаиј, син Аталиин, и со него седумдесет мажи; 8 од Сефатиините синови: Зевадиј, син Михаилов, и со него осумдесет мажи; 9 од Јоавовите синови: Овадиј, син Јехиелов, и со него двеста и осумнаесет мажи; 10 од Баниевите синови: Селомит, син Јосифиин, и со него сто и шеесет мажи; 11 од Виваевите синови: Захариј, син Виваев, и со него дваесет и осум мажи; 12 од Азгадовите синови: Јоанан, син Акатанов, и со него сто и десет мажи; 13 од последните Адоникамовите синови по име: Елифелет, Јеило и Семај, и со нив шеесет мажи; 14 и од Вигваевите синови: Гутај, син Завудов, и со него седумдесет мажи. 15 Ги собрав кај реката што тече кон Ахава. Се влогоривме таму за три дни. Го прегледав народот и свештениците, но не најдов ниеден левит таму. 16 Тогаш ги испратив главатарите Елиезер, Ариел, Семај, Елнатан, Јарив, Елнатан, Натан, Захариј, Месулам, и учителите Јојарив и Елнатан 17 и му ги испратив на Идон, главатар на местото Касифија. Ги ставив во нивната уста зборовите што ќе им ги речат на Идон и на неговите браќа, кои се наоѓаа во местото Касифија, за да ни најдат слуги за Домот на нашиот Бог. 18 Милостивата рака на нашиот Бог беше над нас, и тие ни доведоа разумен човек од синовите на Малиј, син Левиев, син Израелов: Серевиј со неговите синови и браќа - нив осумнаесет. 19 Уште Асавиј и со него неговиот брат Исаиј, син Мерариев, и нивните синови, нив дваесет. 20 А од прислужниците, кои што Давид и главатарите ги поставија за левити за да им служат: двеста и дваесет прислужници. Сите беа запишани по име. 21 Јас прогласив пост таму, покрај реката Ахава: за да се смириме пред својот Бог и за да измолиме од Него среќен пат за себе, за своите деца и за сиот свој добиток. 22 Зашто би се срамувал да замолам војска и коњаници од царот, за да нè заштитуваат патем од непријателот; напротив му изјавивме на царот: „Раката на нашиот Бог е испружена да ги благослови сите оние, кои Го бараат; Неговата сила и Неговиот гнев се над оние, кои го оставаат.” 23 И така постевме и Го молевме својот Бог за тоа, и Тој нè послуша. 24 Избрав дванаесет свештенички главатари, Серевиј и Асавиј, и со нив десетмина нивни браќа; 25 им измерив сребро, злато и посатки; дарови што царот, неговите советници, кнезовите и сите Израелци ги подарија за Домот на нашиот Бог. 26 Измерив и ставив во нивните раце шест стотини и педесет таланти сребро, сто сребрени посатки од по два таланта, сто таланти злато, 27 дваесет златни чаши од илјада дарици и две врчви од добро позлатена бронза, скапоцени како злато. 28 И им реков: „Вие сте Му посветени на Господа; ова се посветени посатки; ова сребро и злато Му се подарени доброволно на Господа, на Бога на вашите татковци. 29 Пазете го и чувајте го сè ова додека не го измерите пред свештеничките главатари и пред левитите и пред главатарите на Израелевите домови во Ерусалим, во ризниците на Господовиот Дом.” 30 И така, свештениците и левитите ги примија измереното сребро, злато и посатките, за да ги однесат во Ерусалим, во Домот на нашиот Бог. 31 Во дванаесеттиот ден на првиот месец тргнавме од реката Ахава за да отидеме во Ерусалим: раката на нашиот Бог беше над нас; патем Тој нè заштитуваше од нападите на непријателите и ограбувачите. 32 Стигнавме во Ерусалим и таму се одморувавме три дни. 33 На четвртиот ден беа измерени среброто, златото и посатките во Домот на нашиот Бог, и му беше предадено во рацете на Меримот, син Уриин, со кого беше Елеазар, син Финесов; а пред нив беа левитите: Јозавад, син Исусов, и Ноадиј, син Винуев. 34 Сè беше на број и по тежина. Тогаш беше забележана целокупната тежина, во тоа време. 35 Оние, кои се вратија од заточение, повратниците, Му принесоа жртва паленица на Израелевиот Бог: дванаесет јунци за целиот Израел, деведесет и шест овни, седумдесет и седум јагниња, дванаесет јарци за грев - сè тоа како паленица на Господа. 36 Потоа им ги предадоа царските повелби на царските намесници и управители оттаде Реката, и тие ги помогнаа народот и Божјиот Дом.
1 Откако сè тоа беше уредено, ми дојдоа главатарите велејки: „Израелскиот народ, свештениците и левитите не се оддвоија од народите на земјата, закоравени во нивните мерзости: не се одделија од Хананците, Хетејците, Ферезејците, Јевусејците, Амонците, Моавците, Египетците и Аморејците, 2 туку ги земаа за себе и за своите синови нивните ќерки за жени: светиот род се измеша со народите на земјата; главатарите и советниците први ја направија таа неверност.” 3 На таа вест ги искинав својата облека и наметката, ги корнев својата коса и брада, и седев нерасположен. 4 Сите кои стравуваа од Божјата беседа се собраа околу мене заради неверноста на оние повратници. А јас непрекинато седев нерасположен, сè до вечерната жртва. 5 А при вечерната жртва се тргнав од својот јад и, со искинатата облека и наметка, паднав на колена, ги раширив рацете кон Јахве, својот Бог. 6 И реков: „Мој Боже! Срам ми е и се плашам да го подигнам моето лице кон Тебе, мој Боже! Зашто нашите злодела се намножија преку глава, и нашите гревови се натрупаа до небото. 7 Од времињата на нашите татковци па до денес ние сме во голема вина, и заради своите беззаконија бевме предадени во рацете на земните цареви: ние, нашите цареви и нашите свештеници - под меч, на заточение, во пленство и за срам, како што е тоа и денес. 8 Но сега, за кратко време, Господ, нашиот Бог, ни направи милост, и ни го остави Остатокот, и ни даде засолниште во Своето свето место: така нашиот Бог ни ги просвети очите и ни даде малку живот во нашето робување. 9 Зашто ние сме робови, но во нашето ропство нашиот Бог никогаш не нè остави: туку ни даде па најдовме милост кај персиските цареви, ни даде сила да го подигнеме Домот на нашиот Бог и да ги обновиме неговите урнатини, и ни набави засолниште во Јудеја и Ерусалим. 10 Но сега, што можеме да речеме, наш Боже, кога по сè тоа не водевме грижа за Твоите заповеди 11 кои ги заповеда преку Твоите слуги пророците со овие зборови: ‘Земјата во која влегувате да ја населите е нечиста земја од нечистотата на народите на земјата, од нивните гнасости, со кои се наполнија од едниот крај до другиот. 12 Затоа не ги давајте вашите ќерки за нивните синови, и не земајте ги нивните ќерки за вашите синови; не посакувајте ги никогаш нивниот мир и нивната среќа, за да станете силни, за да ги јадете најдобрите плодови на земјата и за да им ја оставите засекогаш во наследство на вашите синови.’ 13 И по сè што ни се случи заради нашите лоши дела и заради нашата голема вина, добро е, о наш Боже, што си ги сметал нашите злодела помали отколку што е нивната злоба и што ни го остави Остатоков! 14 Зар можеме и натаму да ги прекршуваме Твоите наредби и да се врзуваме со овие гнасни народи? Зар не би се расрдил Ти и зар не би нè сотрел, така што не би останале повеќе ни Остатокот ни некој спасен? 15 Господи, Израелев Боже, по Твојата праведност ние останавме Остаток, како што сме денес: еве нè пред Тебе со нашиот грев! Навистина не би сме смееле да стоиме пред Тебе заради него!”
1 Додека Езра се молеше и ги признаваше гревовите, плачејќи и лежејќи пред Божјиот Дом, се собраа околу него многу Израелци, мажи, жени и деца: и народот плачеше горчливо. 2 Тогаш Сеханиј, синот Јехилов, еден од Еламовите синови, земајќи збор му рече на Езра: „Ние го изневеривме нашиот Бог женејќи се со туѓинки од народите на земјата. Но уште има надеж за Израел. 3 Да го обновиме сега Заветот со нашиот Бог: да ветиме - според советот на мојот господар и на оние, кои чувствуваат стравопочитување кон повелбата на нашиот Бог - дека ќе ги отпуштиме своите жени туѓинки и децата што ги родиле. И така, да направиме по Законот! 4 Стани, зашто тоа е твоја должност, а ние ќе бидеме со тебе. Биди храбар, и дејствувај!” 5 Тогаш Езра стана и ги заколна свештеничките главатари, и левитите, и сите Израелци, дека ќе направат како што им беше рекол. И се заколнаа. 6 Езра се оддалечи од Божјиот Дом и влезе во живеалиштето на Јоанан, синот Елијасивов. Таму ја помина ноќта, и не јаде леб ниту пи вода, зашто тажеше заради престапот на повратниците. 7 Потоа им беше јавено на сите повратници, во Јудеја и во Ерусалим, да се соберат во Ерусалим: 8 а кој не би дошол во Ерусалим до три дни, главатарите и старешините ќе го повикаат него, ќе му биде запленет имотот и ќе го исклучат од собирот на повратниците. 9 Така се собраа сите луѓе од Јуда и Венијамин за три дни во Ерусалим. Тоа беше во деветтиот месец, во дваесеттиот ден на месецот. Сиот народ се смести на ширината пред Божјиот Дом, треперејќи заради сè тоа и заради буен дожд. 10 Тогаш, откако стана, свештеникот Езра им рече: „Вие направивте престап кога се оженивте со туѓинки. Така го зголемивте Израелевиот грев! 11 Но сега заблагодарете Му на Господа, на Бога на своите татковци, и извршете ја Неговата волја па разделете се од народите на земјата и од жените иноплеменички.” 12 Сето собрание одговори со силен глас: „Да, должност ни е да направиме според твојот совет! 13 Но има многу народ, и дождот доаѓа: не може да се стои надвор. Освен тоа, таа работа не е за ден-два, зашто нè има многу, кои згрешивме во тоа. 14 Нашите главатари можат да нè застапуваат на заедничкиот собир: сите кои се оженети, по нашите градови, со туѓинки, можат да дојдат во одредено време во придружба на старешините и судиите на секој град, сè додека не го одвратиме гневот на нашиот Бог заради ова.” 15 Само Јонатан, син Асаилов, и Јазиј, син Текуев, се спротивија, а Месулам и левитот Саветај ги поткрепуваа. 16 Повратниците направија така: се разделија. Свештеникот Езра ги избра за помошници главатарите на татковските домови, и сите беа одредени по име. Почнаа да заседаваат од првиот ден на десеттиот месец, за да испитаат сè. 17 И во првиот ден на првиот месец завршија со сите, кои се беа ожениле со туѓинки. 18 Еве кои беа женети со туѓинки меѓу припадниците на свештенството: меѓу синовите на Исуса, син Јоседеков: Масиј, Елиезер, Јарив и Гедалиј; 19 тие ја дадоа својата рака дека ќе ги отпуштат своите жени и дека за својот грев ќе принесат овен за престап. 20 Од Имировите синови: Ананиј и Зевадиј; 21 од Харимовите синови: Масиј, Илија, Семај, Јехиел и Озиј; 22 од Пасхоровите синови: Елјоенај, Масиј, Исмаил, Натанаил, Јозавад и Еласа. 23 Од левитите: Јозавад, Симеј, Келај - наречен Келита - Петај, Јуда и Елиезер. 24 Од певците: Елијасив. Од вратарите: Салум, Телем и Уриј. 25 А меѓу Израелците: од Фаросовите синови: Рамиј, Језиј, Малхиј, Мијамин, Елеазар, Малхиј и Венај; 26 од Еламовите синови: Матаниј, Захариј, Јехиел, Авдиј, Јеромот и Илија; 27 Од Затовите синови: Елјоенај, Елијасив, Матаниј, Јеримот, Завад и Азиза; 28 од Виваевите синови: Јоанан, Ананиј, Завај и Атлај; 29 од Вониевите синови: Месулам, Малух, Алај, Јасув, Сеал и Рамот; 30 Од Фат-Моавовите синови: Адна, Хелал, Венај, Масиј, Матаниј, Везелеил, Винуј и Манасиј; 31 од Харимовите синови: Елиезер, Јесиј, Малхиј, Семај, Симеон; 32 Венијамин, Малух, Семариј; 33 од Асумовите синови: Матенај, Матата, Завад, Елифелет, Јеремај, Манасиј и Симеј; 34 од Ваниевите синови: Мадај, Амрам и Јоел; 35 Венаја, Ведеј, Хелу, 36 Ванија, Меримот, Елијасив, 37 Матаниј, Матенај и Јасав; 38 од Винуевите синови: Симеј, 39 Селемиј, Натан и Адај; 40 од Закаевите синови: Сасај, Сарај, 41 Азареил, Селемиј, Семарија, 42 Салум, Амариј, Јосиф; 43 од Невовиевите синови: Јесиел, Матаниј, Завад, Зевина, Јадав, Јоел и Венај. 44 Сите овие беа женети со туѓинки; а некои од овие жени им родија и деца.
1 Зборови на Неемија, Ахалиевиот син. Во месецот Хаслев, во дваесеттата година, кога бев во столичниот град Шуша, 2 дојде Ананиј, еден од моите браќа, со некои луѓе од Јудеја. Јас ги прашав за Евреите - за Остатокот, што се спаси од пленство, и за Ерусалим. 3 Тие ми одговорија: „Остатокот, оние, кои што останаа во земјата по пленувањето, се во голема неволја и срам. Ерусалимскиот ѕид е разурнат сиот, а вратите му се изгорени со оган”. 4 Кога ги чув тие зборови, седнав и заплакав. Тажев повеќе денови, постев и се молев пред небескиот Бог. 5 И реков: „О Господи, небески Боже, велики и страшни Боже, Кој го пазиш Заветот и наклоноста кон оние, кои Те љубат и ги пазат Твоите заповеди! 6 Твоето уво нека биде внимателно и Твоите очи отворени, за да ја чуеш молитвата на Својот слуга. Ти се молам сега, дење и ноќе, за Израелевите синови, Твои слуги, и ги исповедам гревовите на Израелевите синови, што ги направивме против Тебе; согрешивме: јас и куќата на мојот татко! 7 Правевме многу зло спрема Тебе не држејќи ги Твоите наредби, закони и заповеди, кои ги заповеда Ти преку Мојсеја, Твојот слуга. 8 Но спомни си за зборовите, што му ги довери на Мојсеја, Твојот слуга: ‘Ако бидете неверни, Јас ќе ве распрснам меѓу народите; 9 ама ако Ми се обратите Мене, и ако ги почитувате Моите заповеди и ги држите, ако има некои од вас протерани и до крајот на небото, Јас ќе ве соберам и ќе ве одведам до местото, кое го избрав, за да престојува таму Моето Име’. 10 А, ете, тие се Твои слуги и Твој народ, кои ги избави со Својата голема сила и со Својата моќна рака. 11 Ах, Господи, Твоето уво нека биде внимателно кон молитвата на Твоите слуги, кои се подготвени да се бојат од Твоето Име. Скромно Те молам, додели му денес среќа на Својот слуга и направи да најде милост пред овој човек”. А јас бев тогаш царев виноцрпач.
1 Во месецот Нисан, во дваесеттата година на Артаксерксовото царување, виното стоеше пред царот. Го зедов и му го понудив на царот. Никогаш не бев тажен пред него. 2 Тогаш царот ми рече: „Зошто ти е тажно лицето? Дали не си можеби болен? Не е друго, туку е тага во твоето срце!” Јас се исплашив многу 3 и му реков на царот: „Царот нека живее секогаш! Како не ќе ми биде лицето тажно, кога градот, каде се гробовите на моите татковци, е разурнат, а вратите му се изгорени со оган?” 4 Царот ме праша: „И така, што сакаш?” Го повикав небескиот Бог 5 и му одговорив на царот: „Ако му е по волја на царот, и ако ти е мил твојот слуга, пушти ме да отидам во Јудеја, во градот на гробовите на моите татковци, за да го обновам”. 6 Царот ме праша пред царицата, која седеше покрај него: „Колку ќе трае твојот пат? Кога ќе се вратиш?” Откако го утврдив времето, што му одговараше на царот, ме пушти да одам. 7 Уште му реков на царот: „Ако му е по волја на царот, би можел да им однесам писма на управителите од онаа страна на Реката, за да ме пуштат до Јудеја; 8 и писмо до Асафа, надгледувачот на царевата гора, за да ми даде дрва за градење на вратата на тврдината на Храмот, за градскиот ѕид и за куќата во која ќе се настанам”. И царот ми даде, зашто добрата рака на мојот Бог беше над мене. 9 И така дојдов кај управителите од онаа страна на Реката и им ги дадов царевите писма. А царот испрати со мене воени началници и коњаници. 10 Кога Санавалат, Оронец, и слугата Товиј, Амонец, го чуја тоа, им беше многу одвратно, бидејќи дојде човек, за да се заземе за доброто на Израелците. 11 Откако стигнав во Ерусалим, останав таму три дни. 12 Потоа станав ноќе, во придружба на неколку луѓе, не доверувајќи му никому што мојот Бог ме вдахна да направам за Ерусалим; а немав друго животно освен добичето на кого јавав. 13 И така, излегов ноќе на Долинската Врата и се запатив кон Змевскиот Извор, а потоа кон Вратата на Буништето: го разгледав ерусалимскиот ѕид, каде беше разурнат и вратата што беше изгорена. 14 Го продолжив патот кон Изворската Врата и Царевиот Рибник, но не најдов премин за животното на кое јавав. 15 Затоа се искачив ноќта покрај Потокот, и натаму разгледувајќи го ѕидот, и повторно влегов низ Долинската Врата. Така се вратив, 16 а советниците не забележаа каде отидов и што направив. Сè досега не им реков ништо на Евреите: ни на свештениците ни на големците, ни на советниците, ниту на другите настојници. 17 Тогаш им реков: „Гледате во каква неволја сме: Ерусалим е во урнатини, а вратите му се изгорени. Ајде, да го изградиме ерусалимскиот ѕид, за да не бидеме веќе изложени на потсмев”. 18 И им објаснив како добрата рака на мојот Бог беше над мене, а им ги соопштив и зборовите, што царот ми ги беше рекол. „Да станеме - извикаа тие - и да градиме!” И рацете им зајакнаа за добро дело. 19 На тие вести, Санавалат, Оронецот, и слугата Товиј, Амонецот, и Гисем, Арабјанец, почнаа да ни се потсмевнуваат. Ни зборуваа презирно: „Што работите тука? Сакате ли да се побуните против царот?” 20 Но јас им одговорив со овие зборови: „Небескиот Бог ќе ни даде да успееме. Ние, Неговите слуги, станавме да градиме. А вие немате ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.”
1 Тогаш стана велесвештеникот Елијасив со своите браќа свештеници та ја изградија Овчата Врата. Ја осветија, и ги ставија крилата, и продолжија да градат сè до стражарницата Меја и до Ананеиловата Стражарница. 2 Покрај нив ѕидаа Ерихонците, а до нив ѕидаше Захур, Имриевиот син. 3 Асенаиновите синови ја ѕидаа Рибната Врата, ги ставија довратниците, ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите. 4 Покрај нив поправаше Меримот, синот Уриев, син Акосов; а до него поправаше Месулам, синот Варахиев, син Месизавеилов; а до него поправаше Садок, Ваниниот син. 5 Покрај нив поправаа Текојците, ама нивните племенски главатари одбија да го спрегнат вратот во служба на својот Господ. 6 Старата Врата ја поправаа Јодај, синот Фесеев, и Месулам, Весодиевиот син. Тие ги ставија довратниците, ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите. 7 А покрај нив обновуваа Гаваонецот Мелатиј и Меронотецот Јадон, и луѓето од Гаваон и Миспа, подложници на управителот од онаа страна на Реката. 8 А до нив поправаше Узил, Арахевиот син, златар, а до него поправаше Ананиј, еден од билјарите; тие го утврдија Ерусалим сè до Широкиот Ѕид. 9 До нив поправаше Рефај, Оровиот син, главатар на половина ерусалимски округ. 10 А до него поправаше Едај, Арумафовиот син, пред својата куќа; а до него поправаше Хатус, Асаниевиот син. 11 Малхиј, синот Харимов, и Асув, синот Фат-Моавов, поправаа сè до Пекќината Стражарница. 12 А до нив поправаше Салум, синот Лоисов, главатар на половина ерусалимски округ, тој и неговите ќерки. 13 Долинската Врата ја поправаа Анун и жителите на Заноја: ги изградија, ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите, и поставија илјада лакти ѕид до Вратата на Буништето. 14 Вратата на Буништето ја поправаше Малхиј, синот Рихавов, главатар на веткеримскиот округ, со своите синови: ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите. 15 Изворската Врата ја поправаше Салум, синот Хол-Озин, главатар на миспанскиот округ: ја изгради, ја покри, ги зацврсти вратните крила, клучалките и лостовите. Тој го поправаше и ѕидот кај рибникот Силоам, кој се тегне од Царската Градина до скалилата, што слегуваат од Давидовиот Град. 16 По него поправаше Неемиј, синот Азвуков, главатар на половина ветсурски округ, сè до спроти Давидовата Гробница, и до вештачкиот Рибник и до Војницата. 17 По него поправаа левитите: Реум, синот Ваниев; а до него поправаше Асавиј, главатар на половина кеилски округ, за своето подрачје. 18 До нив поправаа нивните браќа: Вавај, синот Инададов, главатар на половина кеилски округ; 19 а до него Есер, Исусовиот син, главатар на Миспа, го поправаше вториот дел, спроти нагорницата кон Оружницата на аголот. 20 По него поправаше Варух, синот Заваев, и го поправи вториот дел, од аголот до куќната врата на големиот свештеник Елијасив. 21 По него поправаше Меримот, синот Уриев, син Акосов, вториот дел: од Елијасивовиот куќен влез до крајот на Елијасивовата куќа. 22 По нив работеа на поправките свештениците кои што живееја во околината. 23 По нив пак поправаа Венијамин и Асув, спроти своите куќи. По нив поправаше Азариј, синот Аманиев, син Масиев, спроти својата куќа. 24 По него поправаше Винуј, Инададовиот син, вториот дел - од Азариевата куќа до аголот, до ѕидниот венец. 25 Фалал, Узаевиот син, поправаше спроти аголот и спроти стражарницата, што се издига над Горниот Царски Дворец, а се наоѓа спроти дворот на темницата. По него Федај, Фаросовиот син, поправаше 26 сè до Водната Врата, во насока кон исток, и сè до пред Воздигнатата Стражарница. 27 По нив поправаа Текојците - вториот дел спроти Воздигнатата Стражарница, сè до Офилскиот Ѕид. 28 Од Коњската Врата поправаа свештениците, секој спроти својата куќа. 29 По нив Садок, Имировиот син, поправаше спроти својата куќа. По него поправаше Семај, синот Сеханиев, чувар на Источната Врата. 30 По него Ананиј, синот Селемиин, и Анун, шестиот син Салафов, го поправаа вториот дел. По нив поправаше Месулам, синот Варахиев, спроти својата куќа. 31 По него Малхиј, златарот, поправаше сè до Нетинците и до трговците, спроти Надгледувачката Врата до Горната Дворница на ѕидниот венец, 32 а златарите и трговците поправаа меѓу Горната Дворница на ѕидниот венец до Овчата Врата.
1 Кога Санавалат чу дека го градиме ѕидот, се налути. Беше многу гневен, ги исмејуваше Евреите, 2 и викаше пред своите браќа и пред самариската војска: „Што преземаат овие бедни Евреи? Имаат ли намера можеби да поправат, да жртвуваат и да свршат сè во еден ден? Зар од купот прав ќе го извикаат во живот изгореното камење?” 3 Амонецот Товиј, кој беше покрај него, рече: „Само нека градат! Но ако се искачи лисица, ќе им ги разурне камените ѕидови” 4 „Чуј, о Боже наш, како нè презираат! Сврти ги нивните хули на нивната глава. Предај ги како плен во земјата на ропството. 5 Не ги покривај нивните беззаконија, и нивниот грев нека не биде избришан пред Твоето лице, зашто им се потсмеваа на градителите.” 6 Така го градевме ѕидот, кој наскоро беше завршен до половина височина. Народот имаше воодушевување за работата. 7 Кога Санавалат, Товиј, Арабјаните, Амонците и Азотците чуја дека напредува поправањето на ерусалимските ѕидови - зашто почнаа да се затвораат распукнатините - многу се разгневија. 8 Сите заедно се заколнаа дека ќе го нападнат Ерусалим и дека ќе ни пречат. 9 Ние тогаш го повикавме нашиот Бог и поставувавме дневна и ноќна стража, за да го заштитиме градот. 10 Но Јудејците зборуваа: „Силите на носачите им се намалија, а урнатините се многу: не ќе стигнеме никогаш да го изградиме ѕидот!” 11 А нашите непријатели рекоа: „Ќе се вовлечеме меѓу нив, пред да дознаат и да нè забележат: тогаш ќе ги погубиме и така ќе го осуетиме потфатот!” 12 А кога ќе дојдеа Јудејците, кои живеат покрај нив, по десетпати нè опоменуваа: „Идат против вас да ве нападнат од сите места во кои престојуваат!” 13 Се поставивме во низините, зад ѕидот и на голинките; го распоредив народот по родови, со мечеви, копја и лакови. 14 Кога видов како се плашат, станав и им го јавив на големците, на првенците и на другиот народ ова: „Не бојте се од овие луѓе! Мислете на Господа, голем и страшен, и борете се за своите браќа, за синовите и за своите ќерки, за своите жени и за своите куќи!” 15 Кога нашите непријатели научија дека сме известени и дека Бог ги осуети нивните замисли, можевме да се вратиме кон ѕидот, секој на својата работа. 16 Но од тој ден само половина од моите момчиња ја вршеа работата, а другите држеа копја, штитови, лакови и оклопи, а главатарите стоеја зад Јудиниот Дом, 17 кои го градеа ѕидот. И носачите на товарот држеа оружје: со едната рака секој ја вршеше својата работа, а оружјето му беше во другата. 18 Секој од градителите додека работеше, носеше меч припашан на половината. Трубачот стоеше покрај мене. 19 Им реков на благородниците, на првенците и на другиот народ: „Работата е голема и обемна, а ние сме распрснати по ѕидот, далеку едни од други: 20 соберете се околу нас на местото каде ќе го чуете гласот на трубата, а нашиот Бог ќе се бори за нас”. 21 Така ја вршевме работата од рани зори до првите ѕвезди. Половината беше вооружена со копја. 22 Во тоа време уште му реков на народот: „Секој, со својот слуга, нека ноќева во Ерусалим: по ред ќе стражариме ноќе, а ќе работиме дење”. 23 Ни јас, ни моите браќа, ни моите момчиња, ни стражарите, кои ме придружуваа, не ги соблекувавме своите облеки, секој го држеше при рака своето оружје.
1 Се крена голема викотница меѓу мажите и жените против нивните браќа Евреите. 2 Едни велеа: „Ги заложуваме своите синови и ќерки, за да можеме да набавиме пченица та да јадеме и да живееме.” 3 Други велеа: „Ги заложуваме своите полиња, своите лозја и своите куќи, за да можеме да набавиме пченица за време на гладот.” 4 Други пак велеа: „Треба да земеме пари за нашите полиња и лозја, за да можеме да ги исплатиме царските даноци. 5 Нашето тело е како телото на нашите браќа, нашите синови како и нивните, а ние треба да ги продаваме во ропство своите синови и ќерки; некои меѓу нашите ќерки веќе се робинки! А ние не можеме ништо, зашто нашите ниви и лозја ги држат други.” 6 Се налутив многу кога ја чув нивната викотница и тие зборови. 7 Откако размислив во себе, ги укорив благородниците и првенците со зборовите: „Вие им наметнувате товар на своите браќа!” И свикав голем собир против нив! 8 И реков: „Ние, колку што можевме, ги откупивме своите јудејски браќа, кои им беа продадени на многубошците. А сега вие ги продавате своите браќа, за да ги откупиме!” Сите молчеа и никој не одговори. 9 Продолжив: „Не е добро тоа што го правите. Не треба ли да одите во стравот на нашиот Бог, за да се отстраниме така од потсмевот на непријателските народи? 10 И јас, и моите браќа, и моите момоци им дававме сребреници и жито. Но долгот им го простивме. 11 Вратете им ги и вие уште денес нивните ниви, лозја, маслиновите градини и нивните куќи, и простете им го стотиот дел во сребреници, во жито, во вино, во масло, што им го наметнавте”. 12 А тие одговорија: „Ќе вратиме; не ќе бараме ништо од нив. Ќе направиме како што рече”. Тогаш ги повикав свештениците и им наредив да се заколнат дека ќе направат како што ветија. 13 Потоа ги истресов скутовите на својата облека, говорејќи: „Бог нека го истресе вака од сопствената куќа и од имотот секој човек, кој не ќе се држи за ова ветување! Така да биде истресен и испразнет!” А сиот собир одговори: „Амин!” фалејќи Го Господа. И народот направи според овој договор. 14 И од денот кога царот ми нареди да бидам управител во Јудината Земја, од дваесеттата до триесет и втората година на Артаксерксовото царување, дванаесет години јас и моите браќа никогаш не јадевме управителски леб. 15 Но поранешните управители, моите претходници, го угнетуваа народот: секој ден земаа од него по четириесет сикли сребро за леб и вино; и нивните слуги го угнетуваа народот. А јас никогаш не правев така, заради Божјиот страв. 16 Туку работев и при градењето на ѕидот, и не купив ниедна нива! Сите мои момчиња беа собрани на работа таму. 17 Покрај мојот стол јадеа Јудејците и првенците, сто и педесет однив на број, освен оние кои доаѓаа кај нас од околните народи. 18 Секој ден се готвеше на моја сметка едно говедо, шест одбрани овци и птици; а на секои десет денови беше донесувано изобилно вино за сите. А пак никогаш не го барав управителскиот данок за леб, зашто народот веќе беше оптеретен тешко. 19 Спомни си, Боже мој, за мое добро заради сè што му сторив на овој народ.
1 Кога Санавалат, Товиј, Арабјанецот Гисем и другите наши непријатели чуле дека го обновив ѕидот и дека не остана пролом во него - имено до тоа време не ги имав наместено крилата на вратите - 2 Санавалат и Гисем ми порачаа: „Дојди да се состанеме во Кефир, во Ононската Долина.” Но тие ми мислеа зло. 3 Затоа им испратив гласници со овој одговор: „Зафатен сум со голема работа и не можам да слезам: работата ќе заостане ако ја оставам, за да дојдам кај вас!” 4 Четири пати ми го праќаа истиот повик, и јас им го давав истиот одговор. 5 Тогаш, петти пат, со иста намера, Санавалат ми го испрати својот слуга со отворено писмо. 6 Во него пишуваше: „Се слуша во народот - а Гасмуј потврдува - дека ти и Јудејците се подготвувате за бунт; затоа и го градиш ѕидот, и дека сакаш да станеш нивни цар, како што велат. 7 И дека си поставил пророци за да го разгласат твојот успех во Ерусалим и да речат: ‘Јудеја има цар!’ Сега тие гласови ќе стигнат до ушите на царот: затоа дојди за да се посоветуваме.” 8 Но јас му одговорив: „Ништо не е така како што тврдиш; сето тоа е само измислица на твоето срце.” 9 Зашто тие сакаа да нè уплашат, говорејќи: „Ќе им се изнемоштат рацете од работа, и никогаш нема да ја завршат.” А јас напротив, ги закрепнав своите раце! 10 Отидов кај Семај, синот на Далаја, син Метавеилов, кој се беше затворил во својата куќа. Тој ми објави: „Да се најдеме во Божјиот Дом сред Храмот, и да ја затвориме вратата на Храмот, зашто ќе дојдат да те убијат. Да, уште ноќеска ќе дојдат да те убијат!” 11 А јас одговорив: „Зар да бега човек каков што сум јас? Кој човек, сличен на мене, може да влезе во Храмот и да остане жив? Не, јас не одам.” 12 И тогаш разбрав: Бог не го испратил, туку ми го објави пророштвото, зашто Товиј и Санавалат го поткупија, 13 за да постапам онака, исплашен, та да згрешам. Тоа ќе им послужеше да ме озлогласат и да ми се потсмеваат! 14 Спомни си, Боже мој, за Товиј и за Санавалат според овие нивни дела, а и за пророчицата Ноадија и за другите пророци, што сакаа да ме исплашат. 15 Ѕидот беше завршен на дваесет и петтиот ден на Елул, за педесет и два дена. 16 А кога чуја сите наши непријатели и видоа сите многубошци околу нас, тоа беше чудо во нивните очи, зашто сфатија дека нашиот Бог го направи тоа дело. 17 А во оние денови многу еврејски големци често му праќаа свои писма на Товиј, и примаа многу од Товиј. 18 Зашто мнозина во Јудеја беа поврзани со заклетва со него: та беше во роднинство со Сеханиј, синот Арахов, и со неговиот син Јоанан, кој ја зеде за жена ќерката на Месулам, синот Варахиев. 19 И ги величаа пред мене неговите дела, а нему му ги пренесуваа моите зборови. Затоа Товиј и испраќаше писма да ме исплаши.
1 А кога ѕидот беше изграден и кога ги наместив вратните крила, беа поставени чувари при вратите, и пејачи и левити. 2 Управата на Ерусалим им ја доверив на својот брат Ананиј, и на заповедникот на тврдината Ананиј, зашто овој беше човек на верност и се боеше од Бога повеќе од другите. 3 Им реков: „Ерусалимските врати нека не се отвораат додека не огрее сонцето; а додека е тоа уште високо, нека ги затворат и нега ги префрлат лостовите. Треба да се постават стражи од ерусалимските жители: секого на неговото место, секого спроти неговата куќа.” 4 Градот беше широк и голем, но во него имаше малку жители, зашто немаше изградени куќи. 5 А мојот Бог ме вдахна, та ги собрав големците, главатарите и народот за да бидат внесени во родовниците. Тогаш го најдов родовникот на оние, кои се вратиле порано. Во него најдов запишано: 6 Еве ги луѓето од покраината, кои дојдоа од заточение во кое ги беше одвел Навуходоносор, вавилонскиот цар. Се вратија во Ерусалим и во Јудеја, секој во својот град. 7 Дојдоа со Зоровавел, со Исус, со Неемија, со Азариј, со Рамиј, со Наманиј со Мардохеј, со Вилсан, со Мисперет, со Вигвај, со Беум и со Ван. Број на луѓето на Израелевиот народ: 8 Фаросови синови: две илјади сто и седумдесет и два; 9 Сефатиови синови: триста седумдесет и два; 10 Арахови синови: шест стотини педесет и два! 11 Фат-Моавови синови: односно Исусови и Јоавови синови: две илјади осум стотини и осумнаесет; 12 Еламови синови: илјада двеста педесет и четири; 13 Затуеви синови: осум стотини четириесет и пет; 14 Захаеви синови: седум стотини и шеесет; 15 Винуеви синови: шест стотини четириесет и осум; 16 Виваеви синови: шест стотини дваесет и осум; 17 Азгадови синови: две илјади триста дваесет и два; 18 Адоникаеви синови: шест стотини шеесет и седум; 19 Вагуеви синови: две илјади шеесет и седум; 20 Адинови синови: шест стотини педесет и пет; 21 Атирови синови: односно од Езекија: девеесет и осум; 22 Асумови синови: триста дваесет и осум; 23 Висаеви синови: триста дваесет и четири; 24 Арифови синови: сто и дванаесет; 25 Гаваонови синови: девеесет и пет. 26 Луѓе од Витлеем и од Нетофат: сто осумдесет и осум; 27 луѓе од Анатот: сто дваесет и осум; 28 луѓе од Вет-Асмавет: четириесет и два; 29 луѓе од Киријат-Јарим, од Хефир и од Вирот: седум стотини четириесет и три; 30 луѓе од Рама и од Гаваја: шест стотини дваесет и еден; 31 луѓе од Михмас: сто дваесет и два; 32 луѓе од Ветил и од Гај: сто дваесет и три; 33 луѓе од Невон: педесет и два; 34 синови на другиот Невон: илјада двеста педесет и четири; 35 Харимови синови: триста дваесет; 36 луѓе од Ерихон: триста четириесет и пет; 37 луѓе од Лод, од Адид и од Онон: седум стотини дваесет и еден; 38 Сенаеви синови: три илјади девет стотини и триесет. 39 Свештеници: Једаеви синови, односно од куќата на Исуса: девет стотини седумдесет и три; 40 Имровиеви синови: илјада педесет и два; 41 Пасхорови синови: илјада двеста четириесет и седум; 42 Харимови синови: илјада и седумнаесет. 43 Левити: Исусови синови, односно Кадмилови и Одавиеви: седумдесет и четири. 44 Пејачи: Асафови синови: сто четириесет и осум. 45 Вратари: Салумови синови, Атирови синови, Талмонови синови, Акувови синови, Атитиеви синови, Соваеви синови: сто триесет и осум. 46 Нетинци: Сишиниеви синови, Асуфиниеви синови, Таватови синови, 47 Киросови синови, Сијаеви синови, Фаданови синови, 48 Леваниеви синови, Агавиеви синови, Селмаеви синови, 49 Ананови синови, Гидилови синови, Гарови синови, 50 Реајини синови, Ресинови синови, Некодиневи синови, 51 Газамови синови, Узиеви синови, Фаселови синови, 52 Висаеви синови, Меунимови синови, Нафусесимови синови, 53 Ваквукови синови, Акуфини синови, Арурови синови, 54 Васлитови синови, Меидини синови, Арсини синови, 55 Варкосови синови, Сисарини синови, Таминиеви синови, 56 Несиеви синови, Атифини синови. 57 Синови на Соломоновите слуги: Сотаеви синови, Соферетови синови, Феридиини синови. 58 Јалини синови, Дарконови синови, Гадилови синови, 59 Софатиини синови, Атилови синови, Фохерет- Севаини синови, Амонови синови. 60 Вкупно Нетиици и синови на Соломоновите слуги триста деведесет и два. 61 Следните луѓе, кои дојдоа од Тел Мелех, од Тел Арис, од Херув и од Адон и од Имир, не можеа да докажат дека нивните семејства и нивниот род се од Израелско потекло: 62 Делаини синови, Товиини синови, Никодини синови: шест стотини четириесет и два. 63 А од свештениците: Аваини синови, Акосови синови, синовите на Варзелај - оној кој се ожени со една од ќерките на Галадецот Варзелај па го зеде неговото име. 64 Овие луѓе го бараа својот запис во родовниците, но не можеа да го најдат: беа исклучени од свештенството, 65 и намесникот им забрани да јадат од светините сè додека не се појави свештеник на Урим и Тумим. 66 Вкупно во собирот беа: четириесет и две илјади и триста шеесет личности, 67 не сметајќи ги нивните слуги и слугинки, кои беа седум илјади триста триесет и седум. Беа уште и двеста четириесет и пет пејачи и пејачки, 68 седум стотини и шест коњи, двеста четириесет и пет мазги, 69 четири стотини триееет и пет камили и шест илјади и седум стотини и дваесет ослици. 70 Одделни главатари на семејствата дадоа прилози за градбата. Заменикот вложи во ризницата илјада драхми злато, педесет врчви, триесет свештенички облеки. 71 Некои од главатарите на семејствата дадоа во работната ризница дваесет илјади драхми злато и двеста мини сребро. 72 А даровите од другиот народ беа: до дваесет илјади драхми злато, две илјади мини сребро и шеесет и седум свештенички облеки. 73 Свештениците, левитите, вратарите, пејачите, Нетинците и сиот Израел се населија во својот дом. А кога наближи седмиот месец, Израелевите синови веќе беа во своите градови.
1 Тогаш сиот народ се собра како еден човек на ширината што е пред Водната Врата. Му рекоа на книжевникот Ездра да го донесе свитокот на Мојсеевиот Закон што Господ му го даде на Израел. 2 И во првиот ден на седмиот месец свештеникот Ездра го донесе Законот пред собирот на мажите, жените и на сите, кои беа способни да го разберат. 3 На плоштадот што е пред Водната Врата, почна да го чита свитокот, од раното утро до пладне, пред мажите и жените и пред оние, кои беа зрели. Сиот народ го слушаше покорно свитокот на Законот. 4 Книжевникот Ездра стоеше на дрвена говорница, што ја подигнаа за таа прилика. Покрај него стоеја: од десната страна Мататиј, Сема, Анај, Уриј, Хелкији Масиј, а од левата страна: Федај, Мисаил, Малхиј, Асум, Асвадон,Захариј и Месулам. 5 Ездра го отвори свитокот пред очите на сиот народ - зашто беше повисок од сиот народ - а кога го отвори, сиот народ стана. 6 Тогаш Ездра го благослови Господа, великиот Бог, а сиот народ, со подигнати раце, одговори: „Амин! Амин!” Потоа клекнаа и се поклонија пред Господа, со лицето доземја. 7 А левитите Исус, Ваниј, Серевиј, Јамин, Акув, Саветај, Одиј, Масиј, Келит, Азариј, Јозавад, Анан и Пелај му го објаснуваа Законот на народот, а народот стоеше на своето место. 8 И читаа од свитокот на Божјиот Закон по одломки и ја разјаснуваа смислата за да може народот да разбере што се чита. 9 Потоа намесникот Неемија, и свештеникот и книжевникот Езра и левитите кои го поучуваа народот, му рекоа на сиот народ: „Ова е ден посветен на Господа, вашиот Бог! Не тажете, не плачете!” Зашто сиот народ плачеше, слушајќи ги зборовите на Законот. 10 И Неемија уште им рече: „Отидете и јадете мрсни јадења, и пијте благо, и испратете им дел на оние, кои немаат ништо подготвено, зашто ова е ден посветен на нашиот Господ. Не нажалувајте се: Господовата радост е ваша сила, 11 И левитите го смируваа сиот народ, велејќи: „Смирете се: ова е свет ден. Не тажете!” 12 И сиот народ отиде да јаде и да пие, и да испраќа оброци, и да слави голема прослава: зашто ги сфатија зборовите, кои им беа објавени. 13 На вториот ден се собраа главатарите на семејствата на сиот народ, свештениците и левитите околу книжевникот Езра за да ги проучат зборовите на Законот. 14 И најдоа напишано во Законот, што Господ го нареди преку слугата Мојсеј: „Синовите Израелеви нека живеат под сеници за време на свеченостите во седмиот месец.” 15 Штом чуја, прогласија во сите свои градови и во Ерусалим: „Одете во горите и донесете маслинови гранки, и гранки од диви маслинки, миртови и палмини гранки, и гранки од другите дрва со лисја, за да направиме сеници, како што е пропишано.” 16 И народот отиде и донесе гранки, и направија сеници, секој врз својот покрив, и во своите дворови, и во дворот на Божјиот Дом, на ширината кај Водната Врата и на онаа кај Ефремовата Врата. 17 Сиот собир на оние, кои се вратија од ропство, направи сеници, и живееја во нив - Израелците не го правеа тоа од времето на Исус, Навиновиот син, сè до тој ден. И беше мошне голема радост. 18 Езра го читаше свитокот на Божјиот Закон секој ден, од првиот до последниот. Седум дни се празнуваше празникот, а осмиот ден беше свечен собир, како што е пропишано.
1 На дваесет и четвртиот ден на тој месец, Израелците се собраа на пост, во покајнички вреќи и опсипани со пепел на главите. 2 Израелевиот род се оддели од сите туѓинци: пристапија и ги исповедуваа своите гревови и беззаконијата на своите татковци. 3 Стоеја, секој на своето место, и го читаа свитокот на Законот на Господа, својот Бог, четвртина од денот; во другите четвртини ги исповедуваа своите гревови и Му се поклонуваа на Господа, својот Бог. 4 А Исус, Ваниј, Кадмил, Севаниј, Вуниј, Серевиј, Ваниј и Хананиј, откако се качија на повисокото место зад левитите, извикуваа со силен глас кон Господа, својот Бог. 5 И левитите Исус, Кадмил, Ваниј, Асавниј, Серевиј, Одиј, Севаниј и Петиј, велеа: „Станете, прославувајте Го Господа, нашиот Бог! Благословен да си, Господи, Боже наш, одвека довека! и нека е благословено Твоето славно Име, возвишено над секој благослов и пофалба. 6 Ти си Единствен, Господи! и го создаде небото, и небесата над небесата, и нивната војска, земјата и сè што е на неа, морињата и сè што е во нив. Ти го оживуваш сè тоа, и небесните војски Ти се клањаат Тебе. 7 Ти си, Господи, Бог, Кој го избра Аврама, го изведе него од Халдејскиот Ур, и му го даде името Авраам. 8 Неговото срце го најде пред Себе верно и склучи Завет со него дека ќе му ја дадеш Ханаанската Земја и Хетејската и Аморејската, и Ферезејската и Евусејската и Гергесејската, нему и на неговото потомство, и ги исполни Своите ветувања зашто си праведен. 9 Ги виде неволјите на нашите татковци во Египет, и го чу нивното извикување покрај Црвеното Море. 10 Со знаци и чудеса се нафрли врз фараонот, и врз неговите слуги, и врз сиот народ на неговата земја; зашто знаеше колкава беше нивната дрскост против нив. Си придоби име за себе, што трае до денес. 11 Го раздвои морето пред нив: поминаа по суво сред морето. Ги удави нивните гонители во длабочините како камен меѓу силни води. 12 Со облачен столб ги водеше дење, а ноќе со огнен столб им светеше по патот по кој одеа. 13 Слезе на Синајската Гора и им зборуваше од небото; и им даде праведни наредби, цврсти закони, прекрасни заповеди и уредби. 14 Ти им ја објави својата света сабота, им ги пропиша заповедите, наредбите и Законот преку гласот на Својот слуга Мојсеј. 15 Ги хранеше со леб од небото за време на нивната глад, вода извади од стената за нивната жед. Ти им заповеда да тргнат да ја заземат земјата за која се заколна дека ќе им ја дадеш. 16 Но тие и нашите татковци се заинатија, ги закоравија вратовите, и не ги слушаа твоите заповеди. 17 Ја одбија послушноста, ги заборавија чудесата, што ги направи за нив; ги окоравија вратовите, а во главата смислија да се вратат во ропство, во Египет. Но ти си Бог на проштавањето милостив и благ, спор на гнев, а велик во милосрдието; и не ги остави! 18 Па и направија леано теле, „Тоа е твојот бог - рекоа - кој те изведе од Египет!” и хулеа тешко, 19 а ти во бескрајно милосрдие не ги напушташе во пустината: облачниот столб не се криеше пред нив, дење ги водеше по патот, а пламениот столб ноќе светеше пред нив по патот по кој одеа. 20 Им го даде Својот добар Дух, за да ги научи на мудрост, не им ја скуси Својата мана на нивните усти, и при жед им даваше вода. 21 Ги крепеше четириесет години во пустината: ништо не им недостасуваше: ниту облеката им се кинеше, ниту нозете им отечуваа. 22 И им даде царства и народи и ги подели со граници: ја зазедоа земјата на Сион, есевонскиот цар, и земјата на Ог, васанскиот цар. 23 И ги намножи нивните синови како небесни ѕвезди, и ги доведе во земјата за која им рече на нивните татковци дека ќе влезат во неа и дека ќе ја заземат. 24 Синовите влегоа и ја покорија земјата, а Ти пред нив ги совлада жителите на земјата, Ханаанците, и ги предаде во нивните раце царевите и земните народи, за да прават со нив што им е волја; 25 Освоија тврди градови и плодна земја и наследија куќи полни со секакво добро, изделкани кладенци, лозја, маслинови градини и многу плодни дрва: јадеа, се ситеа и се дебелеа, и уживаа во твојата голема добрина. 26 Но се бунеа, и се одметнаа од Тебе и Твојот Закон го фрлија зад плеќи, ги убиваа пророците кои ги обраќаа за да се вратат кај Тебе, и хулеа многу. 27 Тогаш ги предаде во рацете на освојувачите, кои ги измачуваа. А во времето на својата мака извикуваа кон Тебе, а Ти ги послуша од небото, и во Својата голема добрина им испраќаше избавители, кои ги избавуваа од рацете на нивните мачители. 28 Но штом ќе се смиреа, пак правеа зло пред Тебе, а Ти ги пушташе во рацете на нивните непријатели, кои ги измачуваа. И пак извикуваа кон Тебе, и Ти ги послушуваше од небо: во Своето милосрдие ги избави многу пати. 29 Ти ги опоменуваше да се вратат кон Твојот Закон: но тие се бунтуваа и беа непокорни на Твоите наредби, а човекот живее кога ги одржува. Ги извлекуваа плеќите, ги окоравуваа вратовите, и не слушаа. 30 Многу години беше трпелив со нив, и ги опоменуваше со Својот Дух преку службата на своите пророци; но не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на другите народи. 31 Во Своето големо милосрдие Ти не ги уништи, ниту ги остави, зашто Ти си милостив Бог и полн со сожалување. 32 А сега, Боже наш, велик, силен и страшен Боже, кој ги чуваш Заветот и милоста, нека пред Твоето лице не биде незначителна сета оваа неволја, која нè најде нас, нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и пророци, нашите татковци и сиот Твој народ од времето на асирските цареви па до денес. 33 Ти си праведен во сè што нè најде, зашто Ти покажа верност, а ние своето зло. 34 Нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и татковци, не го извршуваа Твојот Закон, не ги слушаа Твоите наредби и опомени, кои им ги даваше. 35 Иако беа во свое царство, во големи добрини што им правеше; во пространа и плодна земја, која им ја даде, тие не Ти служеа, и не се одвраќаа од своите зли дела. 36 Еве, ние сме денес робови и во земјата, која им ја даде на нашите татковци, за да ги уживаат нејзините плодови и нејзините добра, еве, ние робуваме во неа. 37 Нејзините изобилни приходи одат кај царевите што ни ги постави заради нашите гревови, и тие господарат според својата волја со нашите тела и со нашата стока. Ах, во голема неволја сме! 38 И заради сè тоа се обврзавме писмено на верност. На запечатената изјава стоеја имињата на нашите кнезови, левити и свештеници.
1 Во запечатената исправа беа: Намесникот Неемија, синот Ахалиин, и Седекиј, 2 Серај, Азариј, Еремиј, 3 Пасхор, Амариј Малхиј, 4 Хатус, Севаниј, Малух, 5 Харим, Меримот, Овадиј, 6 Даниел, Гинетон, Варух, 7 Месулам, Авиј, Мијамин; 8 Мазиј, Вилгај, Семај, тоа се свештеници. 9 Левитите: Исус, синот Азаниин, Винуј од Инададовите синови - Кадмиел, 10 и нивните браќа: Севаниј, Одиј, Келита, Фелај, Анан, 11 Миха, Реоб, Асавиј, 12 Захур, Серевиј, Севаниј, 13 Одиј, Ваниј, Венинуј. 14 Народни главатари: Фарос, Фат, Моав, Елам, Затуј, Ваниј, 15 Вуниј, Азгад, Вивај, 16 Адониј, Вигвај, Адин, 17 Атир, Езекиј, Азур, 18 Одиј, Асум, Висај, 19 Ариф, Анатот, Невај, 20 Магфиј, Месулам, 21 22 23 Осиј, Ананиј, Асув, 24 Лоис, Филеј, Совик. 25 Реум, Асавна, Масиј, 26 Ахиј, Ханан, Анан, 27 Малух, Харим, Вана. 28 Но и другиот народ, свештениците, левитите - вратари, пејачите, нетинците - и сите, кои според Божјиот Закон се оддвоиле од земните народи, а и нивните жени, синови и ќерки сите, кои беа способни да разберат, 29 им се приклучија на своите браќа и на главатарите та се обврзаа со проклетство и со заклетва дека ќе одат според Божјиот Закон, кој е даден преку рацете на Мојсеј, Божјиот слуга, и дека ќе ги пазат и ќе ги извршуваат сите заповеди на Господа, на нашиот Бог, Неговите наредби и закони. 30 И особено: дека нема да им ги даваме нашите ќерки на земните народи, и дека не ќе ги земаме нивните ќерки за своите синови. 31 И ако народите на земјата донесат стока или какво и да е жито во саботен ден, ние не ќе купуваме ништо од нив во сабота, ни во друг посветен ден. Секоја седма година ќе ја оставаме земјата да си почине, и ќе ги проштаваме долговите од секаков вид. 32 Зедовме како обврска: дека секоја година ќе даваме третина од шекел за богослужба во Домот на својот Бог: 33 за лебни приноси, за постојаните приносници и за секојдневните паленици за жртвите: саботни, на младата месечина, на празниците, за светите нешта и за жртви за грев за да се очисти Израел; и за секоја служба во Домот на нашиот Бог. 34 Ние свештениците, левитите и народот фрливме жрепка за придонесот од дрва, што треба во одреден ден, секоја година според своите семејства, да го донесуваме во Домот на нашиот Бог за огнот на жртвеникот на Господа, нашиот Бог, како што е запишано во Законот; 35 дека во секоја година ќе донесуваме во Господовиот Дом првини од плодовите на земјата и од првите плодови на секое дрво, 36 и првородените синови и првенците од својот добиток, како што е напишано тоа во Законот, првородените од крупниот добиток и од ситниот нека се однесуваат во Домот на нашиот Бог, зашто им се одредени на свештениците, кои служат во Домот на нашиот Бог. 37 Освен тоа првините од житото од плодовите на секое дрво, од младото вино и од маслото, ќе им ги носиме на свештениците во собите на Домот на нашиот Бог; а десетокот од својата земја на левитите, зашто левитите го земаат десетокот во сите места каде што работиме. 38 Свештеникот, синот Аронов, нека ги придружува левитите при собирање на десетокот. Левитите нека донесуваат десеток од десетокот во Домот на нашиот Бог, во собите на ризницата, 39 зашто Израелците и левитите се должни да донесуваат таму придонес од жито, од вино и од масло. Таму се наоѓаат посатките на светилиштето, свештениците во служба, вратарите и пејачите. Нема веќе да го оставаме Домот на својот Бог.
1 Тогаш народните кнезови се населија во Ерусалим. Другиот народ фрлаше жрепка та од секои десет луѓе да излезе еден, кој ќе живее во светиот град Ерусалим, додека другите девет ќе останат во другите градови. 2 И народот ги благослови сите луѓе, кои сакаа доброволно да живеат во Ерусалим. 3 А еве ги покраинските главатари, кои се населија во Ерусалим и по јудејските градови, секој на својот имот. 4 Во Ерусалим се населија Јудините синови и Венијаминовите синови. Од Јудините синови: Атај, синот Озиин, синот Захариев, синот Амариев, син Сефатиев, син Малелеилов, од Фаресовите синови 5 Масиј, синот Варухов, син Холозов, син Азаев, син Адаев, син Јојаривов, син Захариев, син Силониев; 6 Вкупно Фаресови синови во Ерусалим беа четири стотини шеесет и осум луѓе способни за бој. 7 Еве ги Венијаминовите синови: Салуј, синот Месуламов, син Јоадов, син Федаев, син Колаев, син Масиев, син Итилев, син Исаијев, 8 и неговите браќа: девет стотини дваесет и осум способни за бој. 9 Јоил, синот Захариев, беше нивни заповедник; и Јуда, синот Сенуин, втор управител на градот. 10 Од свештениците: Једај, Јојарив, Јахин, 11 Серај, синот Хелкиев, син Масуламов, син Садоков, син Марајотов, син Ахитовов, настојник на Божјиот Дом, 12 и нивните браќа, кои исполнуваа служба во Домот: осум стотини дваесет и два; и Адај, синот Јероамов, син Фелалиев, син Амсиев, син Захариев, син Пасхоров, син Малахиев, 13 и неговите браќа, главатари на семејствата: двеста четириесет и два; и Амасај, синот Азариелов, син Азаев, син Месилемотов, син Имиров, 14 и нивните браќа, способни за бој: сто дваесет и осум. Завдил, синот Гедолимов, беше заповедник над нив. 15 Од левитите: Семај, синот Асувов, син Азрикамов, син Асавиев, син Вуниев; 16 и Саветај и Јозавад, од левитските главатари, за надгледување на надворешните работи на Божјиот Дом; 17 и Матаниј, син Михов, син Завдиев, син Асафов, кој управуваше со псалмите, ги почнуваше благодарниците и молитвите; и Вавукиј, втор меѓу своите браќа; и Авда, синот Салиев, син Галалов, син Јадутонов. 18 Во Светиот Град вкупно левити беа: двеста осумдесет и четири. 19 А вратари: Акув, Талмон и нивните браќа, кои чуваа стража на вратите: сто седумдесет и два. 20 А другиот Израел, свештениците и левитите, се населија во сите градови на Јудеја, секој во своето наследство, и по населбите на нивните полиња. 21 Нетинците живееја во Офил; Сих и Гиспа беа на чело на нетинците. 22 Настојник на левитите во Ерусалим беше Озиј, синот Ваниев, син Асавиев, син Матаниев, син Михеев. Тој беше од Асафовите синови, кои беа пејачи за служба на Божјиот Дом. 23 Зашто за нив беше царевата заповед и уредба за секојдневната служба. 24 Петај, синот Месизавеилов, од синовите на Залах, синот Јудин, беше место царот за секоја работа со народот. 25 Од Јудините синови се населија во Киријат-Арва и во нејзините селца, во Дивон и во неговите селца, во Јекавсеил и во неговите селца, 26 во Јесуја, во Молада, во Вет-Фалет, 27 во Асур Суала, во Вир Савеа и во нејзините селца, 28 во Сиклаг, во Мекона и во нејзините селца, 29 во Ен Римон, во Сареа, во Јармут, 30 Заноја, Одолама и во нивните селца, во Лахис и во неговите полиња, во Азика и во нејзините селца: и така се населија од Вир Савеа сè до Еномската Долина. 31 Венијаминовите синови живееја во Гаваја, Михма, Аја и Ветил и во нивните селца, 32 во: Анатот, Нова, Ананија, 33 Асора, Рама, Гитајама, 34 Адида, Севојима, Невалата, 35 Лод, Онон и во Долината на Харашим (дрводелци). 36 Заедниците на левитите се населија во Јуда и во Венијамин.
1 Ова се свештениците и левитите, кои дошле со Зоровавел, синот Салатилов, и со Исуса: Серај, Еремиј, Езра, 2 Амариј, Малух, Хатус, 3 Сеханиј, Реум, Меримот, 4 Идо, Гинетон, Авиј, 5 Мијамин Мадиј, Вилга, 6 Семај, Јојарив, Једај, 7 Салуј, Амок, Хелкиј и Једај. Тоа беа свештенички главатари и нивните браќа во Исусовото време. 8 А левити: Исус, Винуј, Кадмил, Серевиј, Јуда, Матаниј - овој последниот и неговите браќа управуваа со песните. 9 Ваквукиј и Униј и нивните браќа се сменуваа со нив во службата. 10 На Исуса му се роди Јоаким; на Јоакима му се роди Елијасив, а на Елијасива - Јојад; 11 на Јојада му се роди Јонатан а на Јонатана му се роди Јаду. 12 Во Јоакимовото време главатари на свештеничките семејства беа: на Сераиното семејство Мерај; на Еремиевото Ананиј; 13 на Езриното Месулам; на Амариевото Јонатан; 14 на Мелихуевото Јонатан; на Севаниевото Јосиф; 15 на Харимовото Адна; на Марајотовото Елкај; 16 на Идовото Захариј, на Минијаминовото и Моадиевото семејство Филтај; 17 18 на Вилжиевото Самуј, на Семаијевото Јонатан; 19 на Јојаривовото Матенај; на Једаиното Озиј; 20 на Салаевото Калај, на Амоковото Евер, 21 на Хилкиевото Асавиј, на Једаијевото Натанаил. 22 Во времето на Елијасив, Јојад, Јоанан и Јадве беше извршен попис на главатарите на левитските семејства и свештениците сè до царувањето на Дариј Персиецот. 23 Левиевите синови: главатари на семејствата беа забележани во Книжниот свиток на летописот до времето на Јоанан, синот Елијасивов. 24 Левитски главатари беа: Асавиј, Серевиј, Исус, Бинуј, Кадмиел, а нивните браќа, кои стоеја спроти нив за да пејат наизменично пофалби и благодарници според уредбите на Давид, Божјиот човек, 25 беа: Матаниј, Ваквукиј и Овадиј. А Месулам, Талмон и Акув, вратари, чуваа стража кај складот близу до вратата. 26 Тие живееја во времето на Јоаким, синот на Исуса, син Јоседеков, и во времето на управителот Неемиј и на книжевникот свештеник Езра. 27 Кога беше осветувањето на ерусалимскиот ѕид, ги побараа левитите, секаде каде што живееја, за да ги доведат во Ерусалим та да го прослават осветувањето со радост, со благодарници и со песни покрај кимвали, псалтири и гуслиња. 28 И се собраа пејачи Левиеви синови, од крајот околу Ерусалим, од нетофатските села, 29 од Вет Гилгал, од Гева и од полето Азмавет: зашто пејачите си изградија села околу Ерусалим. 30 Свештениците и левитите се очистија себе си, а потоа ги исчистија народот, вратите и ѕидот. 31 Тогаш ги искачив јудејските кнезови на ѕидот и составив два големи пејачки собири. Првиот одеше десно по ѕидот, кон Гнојната Врата; 32 по нив одеа Осај и половина од јудејските кнезови - 33 Азариј, Езра и Месулам, 34 Јуда, Венијамин, Семај и Еремиј, 35 а од свештеничките синови со рогови: Захариј, синот Јонатанов, син Семаев, син Матаниев, син Микаев, син Захуров, син Асафов, 36 со нивните браќа Семај, Ауреил, Милалај, Гилалај, Мај, Натанаил, Јуда, Ананиј, со свирките на Давида, Божјиот човек. А Езра, книжевникот, одеше пред нив. 37 Кај Изворската Врата се искачија спроти нив покрај скалилата на Давидовиот Град по ѕидната нагорница од Давидовиот Дворец сè до Водната Врата на исток. 38 Вториот пејачки собир, а по него и половина од народните кнезови, одеше налево по ѕидот и Пекќата Стражарница сè до Широкиот Ѕид, 39 па тогаш над: Ефремовата Врата, Старата Врата, Рибината Врата, Ананеиловата Стражарница, стражарницата Меја, сè до Овчата Врата. Застанаа при Затворската Врата. 40 Потоа двата пејачки собири зазедоа место во Божјиот Храм. Исто и јас и со мене половината главатари, 41 свештениците Елијаким, Масиј, Минијамин, Михај, Елиоинај, Захариј, Ананиј со труби, 42 потоа Масиј, Семај, Елеазар, Озиј, Јоанан, Малхиј, Елам и Есер. Пејачите пееја под раководство на Езрај. 43 Во тој ден беа принесени големи жртви, луѓето и дадоа изблик на радоста, зашто Бог ги беше исполнил со голема радост; се веселеа и жените и децата. И радоста на Ерусалим се слушаше надалеку. 44 Во тоа време беа поставени луѓе да ги надгледуваат клетовите во кои се оставаа приносите, првините, десетоците, и да ги собираат, од полињата покрај градовите, деловите кои Законот им ги доделува на свештениците и левитите. Зашто Јудејците им се радуваа на свештениците и левитите, кои беа во служба. 45 Тие вршеа служба на својот Бог и служба за очистување - како и пејачите и вратарите - според одредбата на Давида и на неговиот син Соломон. 46 Зашто од Давидовите и од Асафовите денови, од дамнина постојат пејачки главатари и песни за фала и слава на Бога. 47 Затоа сиот Израел во времето на Зоровавел и во Неемиевото време даваше, ден по ден, делови одредени за пејачите и вратарите, а левитите им даваа на Ароновите потомци.
1 Во она време му се читаше на народот Мојсеевиот свиток, и таму се најде запишано дека Амонец и Моавец не смеат никогаш да влезат во Божјиот собор, 2 зашто не им излегоа во пресрет на Израелевите синови со леб и вода, туку и го најмија против нив Валаама, за да ги проколне, но нашиот Бог ја обрна клетвата на благослов. 3 Кога го чуја Законот, ги исклучија сите странци од Израел. 4 А пред тоа свештеникот Елијасив, поставен над собите на нашиот Бог, му беше - на својот роднина Товиј - 5 средил пространа соба каде беа оставени порано приносите, темјанот, посатките, десетокот од житото, виното и маслото, одредени за левитите, пејачите и вратарите и придонесите за свештениците. 6 Во тоа време не бев во Ерусалим, зашто во триесет и втората година на вавилонскиот цар Артаксеркс отидов кај царот; но по некое време измолив од царот 7 за да можам да се вратам во Ерусалим. Тогаш научив за злото дело што го направил Елијасив, одредувајќи му соба на Товиј во дворовите на Божјиот Дом. 8 Тоа ме расрди многу; го исфрлив од собата сиот намештај на Товииниот стан, 9 и наредив да ги исчистат собите, потоа ги внесов онаму посатките на Божјиот Дом, доприносите и темјанот. 10 Го научив и тоа дека левитите не ги даваа своите делови и дека и левитите и пејачите, одредени за служба, се разбегаа секој во своето поле. 11 И ги укорив старешините и реков: „Зошто е запустен Божјиот Дом?” Потоа ги собрав левитите и пејачите и ги вратив на нивните служби. 12 Тогаш сета Јудеја донесуваше во собиралиштата десеток од житото, виното и маслото. 13 Над складовите ги поставив свештеникот Селемиј, книжевникот Садок и левитот Федај, а покрај нив Анан, синот Захуров, син Матаниев. Нив ги сметаа за верни; нивната должност беше да им делат на своите браќа. 14 Затоа, Боже мој, спомни си за мене: не презирајги моите побожни дела, кои ги направив за Домот на својот Бог и за службата во него. 15 Во она време видов во Јудеја луѓе, кои газеа во каци во саботен ден; други носеа снопови жито, товареа на ослици вино, грозје, смокви и секакви товари, за да ги внесат во саботен ден во Ерусалим. И ги укорив луѓето зашто продаваат храна во тој ден. 16 А Тирците, кои живееја во Ерусалим, донесуваа онаму риби и секакви стоки за да им ги продаваат на Евреите во сабота. 17 Ги укорив јудејските големци и им реков: „Какво зло дело правите и го осквернувате саботниот ден? 18 Не правеа ли така и вашите татковци, та Бог ја доведе сета оваа несреќа на нас и на нашиот град? А зар вие сакате да го умножите гневот против Израел обесветувајќи ја саботата?” 19 И уште заповедав спроти сабота, кога мракот ќе се спушти врз ерусалимските врати да ги затворат нивните крила, и реков да не ги отвораат додека не помине саботата! Поставив неколку свои момоци при вратата, за да не се внесува никаков товар во саботен ден. 20 Еднаш или двапати трговците и продавачите на разновидни стоки поминаа ноќ вон Ерусалим, 21 но ги предупредив и им реков: „Зошто ја поминувате ноќта под ѕидот? Ако го повторите тоа, ќе подигнам рака против вас!” Од тоа време веќе не доаѓаа во сабота. 22 Им заповедав на левитите да се очистат и да дојдат да ја чуваат вратата, за да би се празнувал саботниот ден. Спомни си за мене и за ова, Боже мој, и смилувај ми се според Својата голема милост! 23 Во оние денови видов и Евреи, кои се беа ожениле со Азотки, Амонки и Моавки. 24 Половината нивни синови зборуваше азотски или на јазикот на овој или оној народ: веќе не знаеја да зборуваат еврејски. 25 Ги корев и ги проколнував, некои и ги биев, им ги корнев косите и ги заколнував во Бога: „Не давајте ги своите ќерки за нивните синови, и не земајте жени од нивните ќерки за своите синови, а ни за себе! 26 Не згреши ли во тоа Соломон, Израелевиот цар? Меѓу многу народи немаше цар рамен на него. Му беше мил на Бога, и Господ го постави цар над сиот Израел. Но туќинките го наведоа и него на грев! 27 Треба ли да се слуша како и вие што правите големо зло и Му станувате неверни на нашиот Бог, женејќи се со туѓинки?” 28 Еден од синовите на Јодад, синот на велесвештеникот Елијасив му беше зет на Оронецот Санавалат. Него го избркав од кај себе. 29 Спомни си, Боже мој, за овие луѓе, зашто ги осквернија свештенството и свештеничкиот и левитскиот завет. 30 Така ги исчистив од сè туѓо и пак ја воспоставив службата на свештениците и левитите, доделувајќи му ја секому неговата служба. 31 Уредив да се носат и дрва во одредени денови, и првините. Спомни си за мене, Боже мој, за мое добро!
1 Во времето на Ахасвер, на оној Ахасвер, кој владееше над сто и дваесет покраини од Индија до Етиопија. 2 Во тоа време, додека царот седеше на престолот на своето царство во тврдината на градот Шуша, 3 во третата година на своето царување, тој даде гозба за своите кнезови и службеници. Така се најдоа пред него заповедници на персиската и мидијската војска, првенците и покраинските управители. 4 Полни сто и осумдесет денови, тој ги покажуваше богатството и славата на своето царство и величествениот блесок на својата величина. 5 Кога помина тоа време, царот даде во градинскиот трем на својот дворец, седмодневна гозба за сиот народ, кој се наоѓаше во тврдината на градот Шуша, од најголемиот до најмалиот. 6 Завеси од најубав лен, од волна, од отворено црвено сукно беа прицврстени со врвци од љубичесто и од црвено сукно на сребрени прстења на столбовите од бел мермер. На подот од зелен и од бел мермер, од бисери и од бесцени камења, се наоѓаа постели од сребро и злато. 7 За пијачка служеа со златни чаши сè една од друга различни, а вино имаше царски изобилно, како што и личи на царската сила. 8 Се пиеше по некое правило но не присилно, зашто царот им нареди на сите надгледувачи на својот дворец да постапуваат со секого според неговата желба. 9 И царицата Астина даде гозба за жените во царскиот дворец на царот Ахасвер. 10 На седмиот ден, кога царевото срце беше весело од вино, им нареди на Меуман, Висат, Арвон, Викта, Авакта, Зетар и Харкас, на седуммината скопенци, кои му служеа на царот Ахасвер 11 за да ја доведат пред него царицата Астина со царскиот венец, за да им ја покаже на народот и на кнезовите нејзината убавина. Таа навистина беше привлечна. 12 Но царицата Астина не сакаше да му се одѕвие на царскиот повик, што и го пренесоа дворјаните. Тогаш царот се разбесна многу и неговиот гнев се распламта. 13 И ги запраша мудреците кои ги познаваат времињата. Зашто секоја царска работа се проучуваше така меѓу оние кои ги познаваа законите и правото. 14 Најблиски му беа Карсен, Сетар, Адмат, Тарсис, Мерес, Мерсен и Мемукан, седум кнезови на Персија и Мидија. Тие смееја да го гледаат царевото лице и заземаа најистакнати места во царството. 15 Ги праша: „Што треба да биде преземено според законот против царицата Астина, која не и се покори на царевата заповед, што и ја соопштија дворјанците?” 16 Тогаш Мемукан одговори пред царот и пред кнезовите: „Царицата Астина не згреши само пред царот туку и пред сите главатари и пред сиот народ, кој престојува во сите покраини на царот Ахасвер. 17 Зашто за царичиното држење ќе научат сите жени па ќе ги презираат своите мажи, велејки: „Царот Ахасвер нареди да ја доведат пред него царицата Астина но таа не сакаше да дојде. 18 И жените на персиските и мидијските кнезови, откако ќе научат за царичиното однесување, уште денес ќе им раскажат на царевите главатари, па ќе има противење и презирање во изобилство. 19 Затоа, ако му е угодно на царот, нека биде објавена царската заповед и нека биде вметната меѓу законите на Персија и Мидија, така што не ќе може да биде отповикана, царицата Астина да не смее веќе да се појави пред царот Ахасвер, а царот нека и ја предаде царската чест на друга жена, подобра од неа. 20 Кога таа наредба, што царот ќе ја даде, ќе се расчуе по целото царство, што е навистина големо, сите жени ќе им искажуваат почитување на своите мажи, од најголемиот до најмалиот.” 21 Зборот им се свиде и на царот и на неговите кнезови. Затоа тој направи како што му советуваше Мемукан. 22 Испрати писма во сите царски покраини, на секоја покраина со писмо со кое таа се служела, а на секој народ на негов јазик, за да биде секој маж господар во својата куќа.
1 По тие настани, кога му стивна гневот, царот Ахасвер си спомназа Астина, за она што таа го направи и за што беше одлучено против неа. 2 Тогаш момоците, кои му служеа на царот рекоа: „Нека бидат побарани за царот млади девојки, девици со убав изглед. 3 Царот нека одреди, во сите покраини на своето царство, повереници, за да му ги соберат сите девици со личен изглед во тврдината на градот Шуша, во женската куќа, под управа на Игај, царевиот скопеник, чувар на жените. Тој ќе се погрижи за нивната нега. 4 Онаа девојка што најмногу ќе им се допадне на царевите очи, нека царува место Астина.” Тоа му беше по волја на царот, и тој направи така. 5 Во тврдината на градот Шуша беше некој си Евреин, кој се викаше Мардохеј, син на Јаир, синот Симеев, син Кисов, од Венијаминовото племе. 6 Тој беше протеран од Ерусалим меѓу заточениците, кои ги одведе вавилонскиот цар Навуходоносор, заедно со јудејскиот цар Јехониј. 7 Тој ја одгледуваше Адаса односно Естира, ќерката на својот чичко, зашто таа немаше ни татко ни мајка. Девојката беше прилична и со убав изглед. По смртта на нејзиниот татко и на нејзината мајка, Мардохеј ја зеде кај себе како ќерка. 8 Кога се расчу за царскиот збор и за неговата наредба, многу девојки се собраа во тврдината на градот Шуша под Игаев надзор. Така ја доведоа и Естира во царевиот дворец, под надзор на Игај, чуварот на жените. 9 Девојката им се свиде на неговите очи, таа ја придоби неговата наклонетост, и тој се погрижи за нејзиното разубавување и за издржување. Покрај тоа и даде седум највредни робинки на царскиот дворец и ја премести заедно со девојките, во најудобните простории на женската куќа. 10 Естира не ги спомна ниту народот ниту потеклото свое, зашто Мардохеј и беше забранил да го направи тоа. 11 Секој ден Мардохеј шеташе пред дворот на женската куќа, за да научи како се чувствува Естира и како се однесуваат кон неа. 12 Секоја девојка требаше да влезе кај царот кога, според уредбата за жените, ќе дојдеше ред на неа, односно после дванаесет месеци. Зашто тогаш завршуваше времето на нивното разубавување: шест месеци со масло од смирна, а шест месеци со мирислива смола и со други масти за женска нега. 13 Па кога девојката влегуваше кај царот, и беше дозволено да понесе со себе, од женската куќа во царскиот дворец, сè што ќе побараше. 14 Таа влегуваше навечер, а наутро се враќаше во друга женска куќа, под надзор на Саазгаза, царев скопеник, чувар на соложниците. Веќе не му се враќаше на царот, освен ако ја посакаше посебно и ако ја повикаше кај себе по име. 15 Кога и дојде ред на Естира, ќерката на Авихаил, кој беше чичко на Мардохеј, кој ја имаше присвоено за своја ќерка - да влезе кај царот, таа не побара ништо освен она што и рече Игај, царевиот скопеник, чувар на жените. Сепак предизвикуваше восхитување кај сите кои ја гледаа. 16 И така, ја воведоа Естира кај царот, во неговиот царски дворец, во десетиот месец, месец тевет, во седмата година на неговото владеење. 17 Царот ја заљуби Естира повеќе од сите други жени; таа му омиле повеќе од сите други девици и таа ја придоби неговата наклонетост. И тој го стави царскиот венец на нејзината глава, па таа стана царица место Астина. 18 Потоа царот даде голема гозба, во чест на Естира, за своите кнезови и службеници; на сите покраини им одреди починка и им раздели дарови, царски дарежливо. 19 Кога девојките беа собрани повторно, Мардохеј седеше при царската врата. 20 Естира не го кажа ни народот ни потеклото од кое произлегуваше, како што и беше наредил Мардохеј. Естира и натаму ги пазеше сите Мардохееви упатства како кога се наоѓаше под одгледување. 21 Во она време кога Мардохеј седеше при царевата врата, Вихтан и Терес двајца цареви дворјанци, чувари на прагот, пламнаа со гнев и почнаа да смислуваат да подигнат рака против царот Ахасвер. 22 За таа нивна намера научи Мардохеј. Тој и соопшти на царицата Естира, а Естира му соопшти на царот во Мардохеево име. 23 Сè се истражи и завера беше откриена, па двајцата беа обесени на столб. Тоа беше запишано пред царот во книжниот свиток на Летописите.
1 По тие настани, царот Ахасвер го унапреди Амана, синот Амедатин, Агагеец: го возвиши, и неговиот престол го постави над сите други достоинственици, кои беа со него. 2 Сите цареви службеници, кои се наоѓаа при царевата врата, се поклонуваа и коленичеа пред Амана, зашто царот нареди така. Но Мардохеј не се поклонуваше ниту коленичеше. 3 Царевите службеници кои се наоѓаа при царската врата, му рекоа на Мардохеј: „Зошто ја престапуваш царевата заповед?” 4 Иако тие му го повторуваа тоа секој ден, тој не ги послуша. Тогаш тие му го јавија тоа на Амана за да видат дали вреди Мардохеевото оправдување. Зашто им рече дека е Евреин. 5 Кога Аман утврди дека Мардохеј ниту му се поклонува ниту коленичи пред него, се налути силно. 6 А кога научи на кој народ му припаѓа, му се стори премалку да ги подигне рацете против самиот Мардохеј, туку науми да ги погуби со него и сите Евреи, кои живееја во сето Ахасверово царство. 7 Во првиот месец, односно во месецот нисан, во дванаесетата година на Ахасверовото царување, во присуство на Аман фрлија „фур”, односно жрепка, за да ги утврдат денот и месецот. Жрепката падна на тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар. 8 И Аман му кажа на царот Ахасвер: „Во сите покраини на твоето царство има еден народ, распрснат сред другите народи и одвоен од нив. Неговите закони се инакви од законите на сите други народи. Тие не ги пазат царските одредби. Затоа царот не смее да ги остави на мир. 9 Ако му е по волја на царот нека се распише за да бидат убиени тие; а јас ќе им избројам десет илјади србрени таланти во рацете на поверениците, за да ги внесат во царската ризница.” 10 Потоа царот го извади печатниот прстен од раката и му го предаде на Амана, синот Амедатин, Агагеец, непријател на Евреите, 11 и му кажа: „Нека ти бидат сребрениците и народот, па направи со нив што ќе биде добро во твоите очи.” 12 Во тринаесеттиот ден на првиот месец беа свикани царевите писари, па составија писма за она што наложи Аман и им ги упати на царските намесници, на управителите што стоеја на чело на поодделни покраини, на кнезовите на секој одделен народ, на секоја покраина со нејзиното писмо и на секој народ на неговиот јазик. Писмата се напишани во царево име и врз нив е удрен царевиот печат. 13 По брзоодците им беа испратени на сите цареви покраини посланија за да бидат сите Евреи, од децата до старците, децата и жените, уништени, погубени, истребени, а нивните имоти да бидат запленети во еден единствен ден, и тоа во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, на месецот адар. 14 Содржината на оваа наредба, што имаше да стане закон во секоја покраина, им беше објавена на сите народи, за да бидат подготвени за тој ден. 15 Гласниците тргнаа брзо со царевата заповед. Указот беше објавен и во тврдината на Шуша, па додека царот и Аман седеа и се честеа, градот Шуша беше вознемирен.
1 Мардохеј научи за сè што се случи: ја раскина облеката врзсебе, облече вреќишта, се посипа со пепел и помина сред градот тажејќи гласно и горко. 2 Дојде само до царевата врата, зашто со она вреќиште врз себе не можеше да помине низ неа. 3 Во секоја покраина, секаде каде ќе се научеше за царевиот збор и за неговиот проглас, жалоста завладуваше меѓу Евреите: постеа плачеа и ридаа. На мнозина од нив вреќиштето и пепелта им стана легло. 4 Естирините девојки и нејзините скопеници дојдоа да ја известат за тоа. Царицата се вознемири многу. Му испрати облека на Мардохеј за да ја облече, а да го соблече вреќиштето од себе, ама тој одби. 5 Тогаш Естира го повика Атаха, еден од царевите скопеници, кој и беше одреден на служба, па го испрати кај Мардохеј за да научи од него што се случило и зошто е таков. 6 Атах отиде до Мардохеја на градскиот плоштад, пред царевата врата. 7 Мардохеј му раскажа што му се случило и подробно го извести за сребрениците што Аман ветил да ги вложи во царевата благајна, за да би можел да ги уништи Евреите. 8 Му го даде и преписот од наредбата за нивното погубување, која беше објавена во Шуша, за да и ја покаже на Естира, та да и јави да и наложи да отиде кај царот: нека го моли за милост и нека посредува кај него за својот народ. 9 Атах се врати и ја донесе на Естира Мардохеевата порака. 10 Естира му одговори на Атах и му нареди да му соопшти на Мардохеј: 11 „Сите цареви службеници и народот на царевите покраини знаат дека секој оној било да е тој маж или жена, кој ќе влезе неповикан кај царот во внатрешното предворје, го чека само еден закон: смртна казна, освен ако царот не го испружи кон таквиот својот златен жезол и му го поштеди животот. А јас веќе триесет дена не сум била повикана кај царот.” 12 На Мардохеја, му беа соопштени Естерините зборови, 13 па тој и порача на Естира: „Не мисли дека ќе се спасиш, затоа што се наоѓаш во царскиот дворец, единствено само ти од сите Евреи: 14 зошто ако молчиш во оваа прилика, на Евреите ќе им стигне помош и спасение од друга страна, а ти ќе пропаднеш со куќата и својот татко. Кој знае дали токму и не си се искачила до царската чест заради часот каков што е овој?” 15 Естира пак му порача на Мардохеја: 16 „Ајде собери ги сите Евреи, кои со наоѓаат во Шуша. Постете за мене: не јадете ниту пијте три дни и три ноќи. И јас ќе постам така со своите девојки. Така подготвена ќе влезам кај царот, иако е спротивно на законот, па ако треба да загинам ќе загинам.” 17 Тогаш Мардохеј се повлече и направи како што му нареди Естира.
1 Во третиот ден, откако прекрати да пости ги соблече молитвенитеоблеки и се облече во царската облека, и застана во внатрешниот трем на царевата куќа, спроти царскиот дом; а царот седеше на својот царски престол во царскиот дом, спроти влезот на куќата. 2 И кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот; таа најде благодат пред него и царот го испружи златниот жезол што го држеше во раката, кон Естира; а Естира се доближи и се допре до крајот на жезолот. 3 Царот рече: „Што тие тебе царице Естиро? Што сакаш? Ако е тоа и половина од царството, ќе ти биде!” 4 Естира одговори: „Царот ако му е мило, нека дојде со Амана на гозба што денес ја подготвив.” 5 Царот одговори: „Известете го веднаш Амана за да се исполни Естирината желба.” Царот дојде со Амана на гозбата што ја подготви Естира. 6 Додека пиеја вино, царот и рече на Естира: „Што и да побараш ќе добиеш. Што и да посакаш, ако е тоа и половина од царството ќе ти биде!” 7 Естира одговори: „Мојата молба и желба е, 8 ако најдов милост во царевите очи и ако му е угодно на царот да ми даде што молам и да направи што сакам, царот да дојде повторно со Амана на гозба што утре ќе ја подготвам за нив, и тогаш ќе постапам според царскиот збор.” 9 Во тој ден Аман излезе среќен и со задоволно срце, но се расрди многу на Мардохеја кога виде дека при царската врата не стана ниту се помрдна пред него. 10 Аман се совлада сепак. Отиде дома и испрати по своите пријатели и по својата жена Сереса. 11 Им раскажуваше за блесокот на своето богатство, за мноштвото свои синови и за сè она со што царот го возвеличи и со што го издигна над сите свои кнезови и службеници. 12 Аман уште додаде: „И царицата Естира не повика покрај царот никој друг, освен мене на гозбата што ја подготвила. И утре покрај царот само јас сум нејзин гостин. 13 Но сè тоа не може да ме направи среќен додека го гледам Евреинот Мардохеј како седи при царевата врата.” 14 Неговата жена Сереса му рече, и сите негови пријатели: „Направи бесилка висока педесет лакти. Утре наутро побарај од царот нека го обесат на неа Мардохеја. Потоа оди среќен со царот на гозба.” Советот му се виде добар на Амана, па тој нареди да се направи бесилката.
1 Во таа ноќ царот не можеше да заспие. Затоа нареди да мудонесат и да му читаат од книжниот свиток за знаменитите настани, од Летописите. 2 Таму се најде запишано како Мардохеј ги поткажа Вихтана и Тереса, двајцата цареви дворјанци, чувари на прагот, кои се подготвуваа да подигнат рака против царот Ахасвер. 3 Царот праша: „Каква чест и какво одликување му се дадени на Мардохеја за сè тоа?” Царевите слуги, дворјанците кои го слушаа, одговорија: „Ништо не е сторено за него.” 4 Тогаш царот праша: „Кој е во предворјето?” А во надворешниот двор на царскиот дворец беше стигнал Аман, за да бара да го обесат Мардохеја на бесилката, што веќе беше направена за него. 5 Царевите службеници одговорија: „Ене, Аман се наоѓа во предворјето.” „Нека влезе!” нареди царот. 6 Штом Аман влезе, царот го праша: „Што треба да му се направи на човекот, кого царот сака да го почести?” Аман си рече во себе: „Кого сака царот да го почести ако не мене?” 7 Затоа му одговори на царот: „За човекот кого царот сака да го почести 8 треба да бидат донесени царските облеки, што самиот цар ги облекува, и да биде доведен коњот кого царот го јава, и да му биде ставен царски венец на главата. 9 Облеките и коњот царот нека му ги предаде на еден од најугледните цареви кнезови, за тој да го облече оној кого царот сака да го почести и нека го одведе на коњ до градското трговиште, извикувајќи пред него: „Така му бидува на оној кого царот сака да го почести!” 10 Тогаш царот му нареди на Амана: „Земи ги веднаш облеките и коњот како што рече, па направи така со Евреинот Мардохеј, кој седи при царевата врата, и не пропуштај ништо од она што си рекол!” 11 Аман ги зеде облеките и коњот: го облече Мардохеја во облеките и го помина на коњот по улиците на градот, викајќи пред него: „Така му бидува на оној кого царот сака да го почести!” 12 Малку потоа Мардохеј се врати кај царевата врата, а Аман тажен и со покриена глава, отиде бргу дома 13 та и раскажа на Сереса, својата жена, и на сите свои пријатели, што се случи. Неговите советници и жената Сереса му рекоа: „Ако Мардохеј пред кого почна да се сопнуваш, му припаѓа на Еврејскиот род не ќе го надвиеш, туку тој без друго ќе те обори.” 14 Уште разговараа за тоа, кога ете ги царевите дворјанци. Дојдоа да го бараат Амана за да го одведат бргу на гозбата што ја подготвила Естира.
1 Царот и Аман дојдоа на гозбата на царицата Естира. 2 И вотој втор ден, додека се пиеше вино, царот и рече на Естира: „Која ти е молбата, царице Естиро? Ќе ти биде задоволена! Која е твојата желба? Ако е и половината од царството, ќе ти биде! ” 3 Царицата Естира одговори: „Ако цару, најдов милост во твоите очи, и ако ти е по волјата, нека ми биде подарен во името на молбата животот, а во името на желбата мојот народ! 4 Зошто јас и мојот народ сме предадени за погубување, за колење и за уништување. Да бевме предадени во ропство, ќе молчев, зашто неволјата не ќе беше штетна за царот.” 5 Но царот Ахасвер ја прекина царицата Естира во зборот па ја праша: „Кој е тој? Каде е тој што намислил да направи нешто такво?” Тогаш Естира одговори: „Прогонувачот и непријателот е Аман, овој злосторник!” 6 Аман се исплаши пред царот и царицата. 7 Царот, гневен, го остави виното та отиде во градината на дворецот. Аман остана покрај царицата за да ја моли за својот живот, зашто увиде дека е готова неговата несреќа пред царот. 8 Царот се врати од градината во дворницата каде се пиеше виното. Дотогаш Аман беше паднал на постелката врз која се наоѓаше Естира. „Се обидуваш уште и со насилство над царицата и тоа во мојот сопствен дом?” извика царот. Туку што тие зборови излегоа од царевата уста, му го покрија лицето на Амана. 9 Тогаш кажа Арвон, еден од дворјанците кои стоеја во царева служба: „Ене ја и бесилката што ја подготви за Мардохеја, кој зборуваше во царева полза. Се наоѓа покрај Амановата куќа и е висока педесет лакти. „ Царот заповеда: „Обесете го на неа!” 10 Амана го обесија на бесилката што ја беше подготвил за Мардохеја, и царевата јарост стивна.
1 Во истиот ден царот Ахасвер и ја предаде на Естира куќатана Амана, гонителот на Евреите, а Мардохеј стапи пред царевото лице, зашто Естира му објасни на царот што и е тој. 2 Царот го извади печатниот прстен, што веќе му го имаше одземено на Амана и му го даде на Мардохеја, а Естира го постави Мардохеја над Амановата куќа. 3 Тогаш Естира пак му прозборува на царот му се фрли пред нозете; се расплака и го замоли најтопло да го осуети злото на Агагеецот Аман и опакиот наум што го имаше засновано против Евреите. 4 Царот го испружи кон Естира златниот жезол. Естира се подигна, застана пред царот 5 и рече: „Ако му е волја на царот, ако најдов милост пред неговото лице, ако му е право на царот, та ако сум мила во неговите очи: нека отповика писмено сè што напиша Аман, синот Амедатин, Агагеец, со опака намера да се погубат Евреите кои се наоѓаат во сите покраини на царството. 6 Та како би можела јас да ја гледам несреќата, што би го погодила мојот народ? Како би можела да ја гледам гибелта на својот род?” 7 Царот и одговори на царицата Естира и на Евреинот Мардохеј: „Ете и ја подарив на Естира Амановата куќа, а него го предадов да биде обесен, зашто ја беше подигнал својата рака против Евреите, 8 а вие во царево име напишете за Евреите што ќе ви е угодно и запечатете го со царевиот прстен. Зашто е неотповиклив прогласот што е напишан во царево име, та запечатен со царевиот печат.” 9 Тогаш, во дваесет и третиот ден на третиот месец, односно на месецот сиван, беа повикани царевите писари, и според сè што имаше наредено Мардохеј, им се напиша на Евреите, на намесниците на управителите и на кнезовите на покраините од Индија до Етиопија, а беа сто дваесет и седум покраини, на секоја покраина со нејзиното писмо, на секој народ на неговиот јазик, па и на Евреите со нивното писмо и на нивниот јазик. 10 Тој ги напиша писмата во името на царот Ахасвер и ги запечати со царевиот печат па ги распрати со брзоодците, кои јаваа на коњи и на мазги од царската коњаница. 11 Царот им дозволи на Јудејците, по сите градови, дека можат да се состануваат да го бранат својот живот та да ја погубат, да ја истребат и да ја сотрат секоја народна или покраинска војска која би ги нападнала, не поштедувајќи ги ни децата ни жените, а им беше слободно да им ги ограбат нивните имоти; 12 сè во истиот ден во сите покраини на Ахасверовото царство: во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар. 13 Преписот на писмото, што имаше да стане закон во секоја покраина, беше објавен меѓу сите народи, за да бидат во тој ден Евреите подготвени да им се одмаздат на своите непријатели. 14 Брзоодците, коњаници на царевите нескопени коњи, тргнаа веднаш и летнаа по царевата наредба. Наредбата беше објавена и во тврдината Шуша. 15 Мардохеј излезе од кај царот облечен во царска облека од црвено сукно и од лен, со голем златен венец и со наметка од одлична ткаенина и од отворено црвено сукно. Градот Шуша воскликнуваше и се веселеше. 16 Тоа беше за Евреите ден на светлина, на веселба, на воскликнувања и на прослава. 17 Во секоја покраина, во секој град и место, до каде допре царевиот указ и закон, меѓу Евреите завладеја веселба, радост, гозба и празник и мнозина од народите на земјата станаа Евреи, зашто ги опфати страв од Евреите.
1 Во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, месецот адар, кога требаше да биде извршена одредбата на царевиот указ во истиот ден кога непријателите на Евреите се надеваа да завладеат над нив, се случи спротивното: Евреите завладееја над своите непријатели. 2 Евреите се собраа по своите градови во сите покраини на царот Ахасвер за да удрат на оние, кои ја бараа нивната пропаст. И никој не се осмели да им пружи отпор зашто сите народи ги опфати страв од Јудејците. 3 Сите кнезови на покраините и намесниците, управителите и царевите чиновници ги штитеа Евреите, зашто ги беше опфатил страв од Мардохеја. 4 Зашто Мардохеј стана голем во царскиот дворец, и по сите покраини се ширеше гласот дека Мардохеј станува сè посилен. 5 И така, Евреите удрија со меч по сите свои непријатели, ги исекоа и ги сотреа; со своите мразители постапија како што им се сакаше. 6 Само во тврдината Шуша, Евреите погубија и сотреа пет стотини луѓе; 7 ги погубија Фарсандат, Далфон, Аспат, 8 Порат, Адалиј, Аридат 9 Фармаст, Арисај, Аридај, Ваезат, 10 и десетте синови на Аман, синот Амедатин, гонител на Евреите. Но не се полакомија по имот. 11 Во истиот ден, откако научи за бројот на убиените во тврдината Шуша, 12 царот и рече на царицата Естира: „Во тврдината Шуша, Евреите погубија и уништија пет стотини луѓе и десет Аманови синови. Тогаш, што ли направиле во другите покраини на царството? Која е сега твојата молба? Ќе ти биде послушана! Која е твојата желба? Ќе ти биде исполнета!” 13 „Ако му е по волја на царот - рече Естира - нека им се дозволи на Евреите, кои живеат во Шуша, да го применат уште утре истиот закон како и денес, и нека бидат обесени десетте Аманови синови.” 14 Царот нареди да се направи така: законот беше прогласен во Шуша и беа обесени десетте Аманови синови. 15 Така Евреите на Шуша се собраа и во четиринаесеттиот ден на месецот адар погубија во Шуша уште три стотини луѓе. Но ни тогаш не ставија рака за грабеж. 16 Другите Евреи, оние кои живееја во царските покраини се собраа да ги бранат своите животи и мирот од непријателите: погубија седумдесет и пет илјади непријатели. Но ни тогаш не се полакомија по плен. Беше тринаесеттиот ден на месецот адар. 17 На четиринаесеттиот ден Евреите мируваа: тоа беше ден на гозба и веселба. 18 Евреите во Шуша, кои се собраа во тринаесеттиот и четиринаесеттиот ден, мируваа во петнаесеттиот ден; тоа беше ден на нивната веселба и гозба. 19 Затоа Евреите полјани, оние кои живеат во неутврдени села, празнично го прославуваат четиринаесеттиот ден на месецот адар, веселејќи се и гоштевајќи се, и разменувајќи дарови меѓу себе. 20 Мардохеј ги опиша тие настани и им испрати писма на Евреите во сите блиски и далечни покраини на царот Ахасвер. 21 Им наложи да ги прославуваат во секоја година четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден на месецот адар. 22 како ден во кој Евреите постигнаа спокој од своите непријатели и како месец кој ја претвори нивната тага во радост, а нивното жалење во празник. Нека ги прославуваат со гозба и со веселба, разменувајќи дарови меѓу себе и делејќи им поклони на бедните. 23 Евреите прифатија да го пазат она што веќе сами од себе почнаа да го прославуваат и за што им пишуваше Мардохеј: 24 „Аман, синот Амедатин, Агагеец, гонител на Евреите, кога науми да ги уништи сите, фрли „Пур”, односно жрепка, за нивното погубување и истребување; 25 но кога царот научи за неговата замисла, тој нареди писмено: „Нека се обори врз неговата глава опаката замисла што ја беше засновал против Евреите, и нека биде обесен, тој и неговите синови. 26 Затоа тие денови се наречени Пурим, според зборот Пур. Затоа според сета содржина на тоа писмо, и според она што видоа и што им беше пренесено 27 Евреите се обврзаа неотповикливо и прифатија за себе, за своите потомци и за сите оние кои ќе се здружат со нив, дека ќе ги прославуваат секоја година тие два дена според тој пропис и во тоа време. 28 Тие денови треба да се слават и да се спомнуваат за нив од поколение до поколение во секое семејство, покраина и град: тие денови на Пурим не смеат да исчезнат пред Евреите, ниту споменот за нив да биде избришан од нивниот род. 29 Царицата Естира, ќерката Авихаилова, и Евреинот Мардохеј го напишаа тоа што посилно за да го поткрепат така уште еднаш писмото за Пурим. 30 Писмата им беа испратени на сите Евреи во сто дваесет и седум покраини на Ахасверовото царство со порака на мир и верност; 31 за да ги пазат тие денови на Пурим во нивното одредено време, како што го одредија тоа Евреинот Мардохеј и царицата Естира, и за да пазат пост и молитви, онака кака што тие се обврзаа себеси и своите потомци. 32 Така Естирината наредба ги озакони овие прописи за Пурим, и тоа беше запишано во книжен свиток.
1 Царот Ахасвер им наложи данок на земјата и на морскитеострови. 2 Сите дела на неговата сила и храброст, а исто така и извештајот за издигањето на Мардохеја, кого царот го возвиши, запишани се во Летописите на царевите на Мидија и Персија: 3 како Евреинот Мардохеј беше прв по царот Ахасвер, голем во очите на Евреите, возљубен од мноштвото свои собраќа, за благосостојба на својот народ и гласник на мир за својот род.
1 Беше некогаш во земјата Уз човек по име Јов. Тоа беше непорочен и праведен човек: се боеше од Бога и се отстрануваше од злото. 2 Му се родија седум синови и три ќерки. 3 Имаше седум илјади овци, три илјади камили, пет стотини двојки волови, пет стотини магариња и мошне многу слуги. Тој човек беше најугледен меѓу жителите на исток. 4 Неговите синови имаа обичај да даваат наизменично гозби кај еден од нив, секој во својот ден, и ги повикуваа своите три сестри да јадат и пијат со нив. 5 А кога ќе се изредеа со гозбите, Јов ги повикуваше на посветување. Подрануваше рано наутро и принесуваше паленици за секого од нив; мислеше: „Кој знае дали не згрешија моите синови и да не го похулија Бога во своето срце!” Така правеше Јов постојано. 6 Еден ден дојдоа Божјите синови да застанат пред Бога, а меѓу нив пристапи и Сатаната. 7 Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?”- „Еве поминав низ земјата и ја обиколив,” одговори тој. 8 Потоа Господ рече: „Дали го забележа мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!” 9 А Сатаната Му одговори на Господа: „Зар Јов се бои напразно од Бога? 10 Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот? Го благослови делото на неговите раце, имотот му се умножи на земјата. 11 Ама испружи ја еднаш раката и допри во сè што има: ќе Те проколне во лице!” 12 „Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Прави што сакаш со сè што има; само не кревај ја својата рака врз него.” И Сатаната отиде од пред Господовото лице. 13 Еден ден, додека Јововите синови и ќерки јадеа и пиеја во куќата на најстариот брат, 14 дојде гласник при Јов и рече: „Твоите волови ораа, а ослиците пасеа покрај нив, 15 кога одненадеж Савејците нападнаа на нив и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено само јас избегав да ти го јавам ова.” 16 Додека тој уште го зборуваше тоа, дојде друг и рече: „Божји оган удри од небото, ги изгоре твоите овци и пастири и ги проголта. Единствено избегав јас да ти јавам.” 17 Додека уште зборуваше дојде трет и рече: „Халдејците удрија, со три чети, на твоите камили и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено избегав јас да ти јавам.” 18 Додека уште зборуваше овој, дојде четвртиот и рече: „Твоите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во куќата на најстариот брат. 19 И ете, силен ветер се крена од пустината, удри на сите четири агли на куќата, ја урна врз децата, па тие загинаа. Единствено избегав јас да ти јавам.” 20 Тогаш Јов стана, ја расцепи облеката врз себе, ја избричи главата и падна ничкум на земјата, се поклони 21 и рече: „Излегов гол од мајчината утроба, и ќе се вратам гол таму. Господ даде, Господ зеде! Благословено да биде Господовото име!” 22 Покрај сè тоа, Јов не згреши ниту изусти некаква навреда против Бога.
1 Еден ден пак дојдоа Божјите синови да застанат пред Господа, а меѓу нив пристапи и Сатаната. 2 Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?” - „Еве поминав по земјата и ја обиколив,” одговори тој. 3 Тогаш Господ рече: „Дали го забележа Мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек: се бои од Бога и се отстранува од злото! Тој е уште постојан во непорочноста, па Ме предизвика испразно да го упропастам.” 4 А Сатаната одговори: „Кожа за кожа! Човекот ќе даде сè што има во животот. 5 Ама испружи ја раката, допри се до неговите коски и до месото; - дали ќе те благослови? Ќе те проколне во лице!” 6 „Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Во твоја рака е; запази му го само животот!” 7 И Сатаната отиде од пред Господовото лице. Тој го удри Јов со лути рани од стапалата до темето. 8 Јов зеде црепка за да се струже со неа и седна во пепел. 9 Тогаш неговата жена му рече: „Зар си уште постојан во непорочноста? Проколни Го Бога и умри!” 10 Јов и одговори: „Брбориш како што брборат безумните жени! Штом примаме добро од Бога, зошто тогаш да не го примиме и злото?” Во сè тоа Јов не згреши со своите усни. 11 Тогаш три Јовови пријатели чуја за сите неволји што го снајдоа; секој се запати од својот крај, Елифаз од Теман, Валдад од Шуах, Софар од Наам, и одлучија да отидат заедно да го пожалат и да го утешат. 12 И кога оддалеку ги насочија очите кон него, не го препознаа. Тогаш почнаа да плачат; секој ја раздра својата облека и фрлија прав на своите глави кон небото. 13 Потоа седнаа покрај него на земјата и останаа така седум дена и седум ноќи. Ниеден не му проговори ни збор, зашто видоа дека е голема неговата болка.
1 Потоа Јов ја отвори својата уста и го проколна својот ден; 2 ја почна својата беседа и рече: 3 „О, да загинеше денот во кој се родив и ноќта што соопшти: „Се зачна машко!” 4 Тој ден нека стане црна темнина! Бог од висините да не си спомнува за него, сончевата светлина да не го осветлува повеќе! 5 Мракот и смртната сенка да се отимаат за него, густата темнина да го покрие сосем, дневните смрачувања да го морат со страв! 6 О, темнината да го присвои сиот, нека не им се додава на деновите на годината, нека не влегува во броењето на месеците! 7 А онаа ноќ да биде жалосна довека, да не се чуе радосно воскликнување во неа! 8 Да ја проколнат оние, што го проколнуваат денот и што се способни да го разбудат Левијатанот! 9 Да се помрачат ѕвездите на нејзиното разденување, напразно таа да и се надева на виделината, и да не ги гледа никогаш веѓите на зората! 10 Зашто не ми ја затвори вратата од утробата, да ја скрие маката од моите очи! 11 Зошто не сум мртов од мајчиното крило, зошто не издивнав излегувајќи од утробата? 12 Зошто ме прифатија двете колена и двете гради, за да ме надојат? 13 Во вечен мир би почивал сега, би спиел, својот покој би го уживал. 14 Заедно со цареви и со советниците на земјата, кои си изградија гробници за себеси, 15 или со кнезовите, богати со злато, што ги наполнија своите куќи со сребро. 16 Не ќе постоев - ќе бев како закопано недоносче, како новороденче што не ја виде светлината. 17 Беззакониците не беснеат веќе таму, уморените наоѓаат починка таму. 18 Таму ги оставаат на мир заробениците: не го слушаат веќе гласот на стражарот. 19 Малиот лежи таму заедно со големиот, робот е слободен од својот господар. 20 Зошто да му се подари видело на несреќникот и живот на луѓето со загорчена душа, 21 кои ја бараат смртта, а таа не доаѓа и копаат по неа како по богатство? 22 Тие ќе се радуваат и ќе воскликнуваат од среќа кога би го нашле својот гроб. 23 Зошто му е тоа на човекот, чиј пат е скриен, кого Бог го заградил од сите страни. 24 Затоа гледајќи храна, треба да воздивнам, моите крици се разлеваат како вода. 25 Се обистини моето стравување, еве, ме снајде она од што се боев. 26 Ни покој ни мир нема веќе за мене, во моите маки никогаш немам починка.”
1 Тогаш Теманецот Елифаз проговори и рече: 2 „Можеш ли да поднесеш да ти проговорам? Но кој може да се воздржи од зборовите! 3 Ете, ти поучи многу луѓе, ги закрепна изнемоштените мишки. 4 Со своите зборови ги подигаше истоштените, ги закрепнуваше растреперените колена. 5 А кога тебе те снајде, се истошти во духот, кога падна на тебе, целиот се збуни! 6 Зар твојата доверба не е стравот Божји, и чесноста на твоите патишта твоја надеж? 7 Па спомни си: дали пропаднал некогаш невин? Кога беа истребени праведниците? 8 Како што сум видел: кој оре несреќа и сее неволја - неа и ќе ја ожнее. 9 Тие загинуваат од Божјиот здив, од Неговото гневно дувнување исчезнуваат од земјата. 10 Рикањето на лавот, леопардовото виење, се кршат како заби на лавчињата. 11 Лавот загинува од немање лов, се распрснуваат младенчињата на лавицата. 12 Таен збор ми се објави, моето уво го чу неговиот шепот. 13 Ноќе, соништата го опфаќаат духот, и кога длабокиот сон паѓа на луѓето, 14 страв и трепет ме совладаа мене, моите коски се стресоа жестоко. 15 Некаков здив ми помина преку лицето, се кренаа влакната на моето тело. 16 Некој стоеше - не му го познав лицето - но со ликот беше пред моите очи. Насекаде тишина; тогаш чув шепот: 17 Зар некој смртник е поправеден од Бога? Зар човекот е почист од својот Создател? 18 Не им верува веќе ни на своите слуги и ги обвинува Своите ангели за грешки - 19 тогаш колку повеќе: гостите на глинените станови, чија основа е во земниот прав. Ете, ги сотираат нив како молци: 20 ги претворуваат во прав од утрото до мракот, исчезнуваат засекогаш - никој и не забележува. 21 Зар не ќе помине величието нивно? Тие умираат, но не со мудрост.”
1 Ајде повикувај! Зар ќе ти одговори некој? На кој од светците мислиш да му се обрнеш сега? 2 Навистина, безумниот го убива неговиот гнев, љубомората ќе го докрајчи сосем лудиот. 3 Видов безумник како се вкоренува, но веднаш ја проколнував неговата куќа. 4 Неговите синови се далеку од сигурност, незаштитени, ги тормозат во вратите. 5 Гладните ја изедуваат нивната жетва, самиот Бог им ја одзеде од устата, а жедните лакомат за нивните имоти. 6 Не, нечесноста не излегува сама од земјата, ниту неволјата може да никне сама од почвата, 7 туку човекот се раѓа за страдањата, како што орловиот лет се стреми кон висината. 8 Но јас ќе Го побарам Бога и пред Него би ја образложил мојата работа. 9 Тој создаде силни недоловливи дела, чудеса што не можат да се избројат. 10 Тој роси дожд по сето лице на земјата, и испраќа вода да ни ги натопи полињата. 11 За да ги издигне високо понижените, за да ги надари со среќа нажалените? 12 Редум го руши она што итреците го смислуваат, сè што со раце спроведуваат, Тој им го изјаловува. 13 Тој ги фаќа мудрите во нивното лукавство, намислите на сплеткарите, ги претворува во ништо. 14 Среде бел ден, запаѓаат во темнина, пипаат на пладне, како среде ноќта. 15 Тој го избавува бедниот од нивниот меч, го издига сиромашниот од силничките раце. 16 Така му се покажува надежта на бедниот и неправдата треба да ја затвори устата. 17 Да, блазе му на човекот кого Бог го изобличува, затоа не презирај го ти карањето на Сèсилниот! 18 Тој ранува, но ја преврзува раната, удира, и залечува со Својата рака. 19 Ќе те избави од шест неволји, ни во седмата злото нема да те допре. 20 Во глад, ќе те спаси од смрт, а во војна, ќе те грабне од остриот меч. 21 Ќе го отстрани од тебе бичот на лошиот јазик, без страв ќе бидеш пред грабнувачот. 22 Ти ќе им се смееш на сушата и студот, и не ќе се плашиш од дивите ѕверови. 23 Ти ќе склучиш сојуз со камењата на нивата, дивите ѕверови ќе бидат во мир со тебе. 24 Ќе уживаш мир во својот шатор, кога ќе го посетиш својот дом, ќе стои негибнат. 25 Ќе гледаш како се множи твоето колено и како твоето потомство расте како трева. 26 Ти ќе легнеш во гробот кога ќе бидеш стар, како што се собира житниот сноп кога ќе дозрее. 27 Го набљудуваме сè ова: вистина е жива! Затоа ти послушај сè за твое добро.
1 А Јов одговори и рече: 2 „О кога би можела да се измери мојата мака, а мојата неволја да се стави на мерилка! 3 Тие сега би биле потешки од морскиот песок; и затоа моите зборови се брзоплети. 4 Стрелите на Сèсилниот се во моите внатрешности, нивниот бес ми го испива духот, Божјите стравотии удрија против мене. 5 Па, рика ли дивото осле покрај свежа трева? Или мука ли волот покрај својата храна? 6 Зар се јаде блутава храна без сол? Или има ли сласт во белката на јајцето? 7 Ама она од што душата ми се одвраќаше, тоа ми стана одвратно јадење. 8 Се надевам дека мојата молба ќе биде послушана, Бог да ми го исполни она за кое што копнеам! 9 О, кога Бог би сакал да ме уништи, кога би мавнал со раката да ме сотре! 10 Тоа би била вистинска утеха за мене, би можел да воскликнувам во тешки маки, зашто јас нема да ги скријам зборовите на Светиот. 11 Зар имам сила уште да чекам? И каков ми е крајот за да живеам подолго? 12 Зар е мојата сила како силата на каменот? Зар е моето тело од бакар? 13 На што можам да се потпрам во себе? Зар не ми е скратена секоја помош? 14 Кој му одбива милост на својот ближен, го презрел стравот од Сèсилниот Бог. 15 Браќата ме изневерија како поток, како зимските буици - своето корито, 16 од мразот им се накреваат матните води, бујно растат од снегот што почна да се топи; 17 но во сушно време скоро пресушуваат, тогаш од жега испаруваат, од коритото. 18 Се отстрануваат тие од своите патишта, пристигаат во пустината и се изгубуваат во неа. 19 Темските карвани ги бараат со очи, патниците од Шеба се надеваа на нив. 20 А кога ќе дојдат до нив, се наоѓаат во чудо, зашто се засрамија во својата надеж. 21 Во овој час и вие сте ми такви: Видовте ужас и се исплашивте. 22 Дали ви реков: „Подарете ми нешто, дарувајте ми нешто од својот имот; 23 избавете ме од непријателска рака, ослободете ме од силниковото ропство?” 24 Поучете ме вие и ќе молкнам, покажете ми: во што е мојот престап. 25 О колку се силни искрените беседи! Но што имаат во предвид вашите прекори? 26 Можеби мислите да ги изобличите зборовите? Па, во ветер оди очајниковиот говор! 27 Зар бисте фрлиле жрепка за сирачето и бисте тргувале со својот пријател? 28 Погледајте ме сега добро во очите, внимавајте да не ве излажам во лице. 29 Проверете дали е неправда! Проверете го зборот, јас сум правичен! 30 Зар има неправда на мојот јазик? Зар не ја вкусив секоја несреќа?”
1 Не е ли војување човековиот живот на земјата? Не ги поминува ли дните како наемник? 2 Како што трудовиот роб копнее по сенка, како надничарот што ја чека платата, 3 така ми паднаа мене месеци на јад, и мачни ноќи ми се досудени. 4 Мислам лежејќи, постојано: „Кога ќе станам?” А станувајќи: „Кога ќе ја дочекам вечерта?” И така се измачувам сè додека не се смрачи. 5 Моето тело е облечено во црви и кал, мојата кожа пука и тлее. 6 Моите денови поминаа побрзо од совалката за ткаење, исчезнаа брзо без никаква надеж. 7 Спомни си: мојот живот е само лесно ветре, и моите очи не ќе ја видат веќе среќата! 8 Пријателското око нема да ме гледа веќе; својот поглед го насочи во мене па се сушам. 9 Како што облакот исчезнува и се расплинува, така кој ќе слезе во гробот, веќе не излегува. 10 Никогаш веќе не се враќа во својот дом, неговото место веќе не го познава. 11 Затоа нема да и бранам на својата уста, ќе зборувам сега во стеснувањето на својот дух, јас ќе плачам во горчливоста на душата. 12 Зар сум море или морско чудовиште, па си поставил стража над мене? 13 Велам ли: „Ќе се смирам на креветот, леглото ќе ми ги олесни маките,” 14 со соништа ме плашиш тогаш, ме ужаснуваш со мачни привиди. 15 Каде е среќата па да се задушам! Помила ми е смртта отколку моите коски. 16 Јас гинам и не ќе живеам вечно; остави ме, зашто моите дни се здив! 17 Што е човекот па Ти толку да го цениш, толку да му прирасна на Твоето срце, 18 и да го посетуваш секое утро и да го испитуваш во секој миг? 19 Кога ќе го симнеш Својот поглед од мене, и да ме оставиш да ја голтнам плунката? 20 Ако згрешив, што ти сторив Тебе, о Ти кој внимателно го набљудуваш човекот? Зошто ме зеде за прицел, па станав терет на себеси. 21 Зар не можеш да ми го простиш мојот престап и не можеш да преминеш преку мојата вина? Зашто, малку ќе помине и ќе легнам во прав, утре ќе ме бараш, но нема да ме има.”
1 Тогаш проговори Валдад од Шуах и рече: 2 „Уште до кога ќе зборуваш така, до кога твојот збор ќе биде како виор? 3 Па зар може Бог да ја гази правината, може ли Сèсилниот да ја изопачи правдата? 4 Ако твоите деца Му згрешија, затоа ги предаде на нивните беззаконија. 5 Но ако го побараш Бога искрено и замолиш ти милост од Сèдржителот; 6 ако бидеш чист и непорочен, отсега Тој секогаш ќе бдее над тебе и ќе ја обнови куќата на праведникот. 7 Ќе биде мала твојата мината среќа, во однос на идната што ќе те чека. 8 Но прашај ги само поранешните поколенија, внимавај на мудроста на нивните татковци. 9 Ние сме од вчера и не знаеме ништо, нашите земни денови се како сенки. 10 Тие ќе те поучат и ќе ти речат, од своето срце ќе извлечат беседи: 11 Зар ќе никне рогозата вон мочуриштето? Зар ќе порасте трската без вода? 12 Сета се зелени, но и некосена се исушува пред секоја друга трева. 13 Такви се патиштата на секој што го заборава Бога; така пропаѓа надежта на безбожниците; 14 тенка е нишката на неговото надевање, а неговата надеж е пајакова куќа. 15 Ако се потпре, таа му се ниша, ако се фати за неа, таа му се разурнува. 16 Се зеленее тој и целиот расте бујно на сонцето, млади гранчиња му ја покрија целата градина. 17 Со своите корења ги испреплетка карпите, и црпи живот од жив камен. 18 Но ако некој го откорне од местото, тогаш тоа ќе се одрече од него кажувајќи: никогаш не сум те видел. 19 И еве сега како гине на патот, додека друго билје веќе никнува од земјата. 20 Не, Бог не ќе ги отфрли непорочните, ниту ќе ги потпре рацете на злосторниците. 21 Смевот пак ќе ти ја наполни устата, а од усните ќе одекне воскликнување. 22 Срамот ќе ги облече твоите непријатели и шаторот на злочинците ќе исчезне.”
1 Јов проговори и рече: 2 „Навистина, јас знам дека е така: но како човекот ќе се оправда пред Бога? 3 Ако некој сака да се препира со Бога, не ќе му одговори ни на едно од илјада. 4 Тој е мудар со срцето, а со силата Сèдржател, и кој би му се спротивил неказнето? 5 Тој ги преместува планините, а тие не го знаат тоа, Тој ги превртува во својот гнев. 6 Тој ја раздвижува земјата од нејзиното место, од основа ги растресува нејзините столбови. 7 Штом ќе му заповеда на сонцето, тоа не се раѓа, Тој ги запечатува и ѕвездите со Својот печат. 8 Единствено Тој ги распнува небесата и само Тој оди по морската широчина. 9 Ги создаде Мечката, Орионот и Плеадите, и соѕвездијата на јужното небо. 10 Тој е Творец на силни, несфатливи дела; на чудеса што не можат да се избројат. 11 Поминува покрај мене, а јас не Го гледам, еве Тој заминува - јас не Го забележувам. 12 Ако грабне нешто, кој ќе Му го спречи тоа, и кој смее да Го праша: „Што си сторил?” 13 Силниот Бог не го повлекува Својот гнев: паѓаат пред Него помошниците на Рахаб (Хаосот). 14 Па како тогаш да Му одговорам Нему, кој збор да го изберам против Него? 15 И да сум прав, не би Му одговорил, ќе молам милост од својот Судија. 16 А ако и одговори на мојот зов, нема да поверувам дека го послушал мојот глас. 17 Зашто, Тој ме сотрува за едно влакно, ги умножува моите рани без причина. 18 Не ме остава да здивнам ни еден миг, туку ме напојува со секаква горчина! 19 Ако е за сила - па Тој е најјак! Ако е за правда - кој ќе го извади Него на суд? 20 Да сум и праведен, устата ќе ме осуди, Да сум и невин, ќе ме прогласи за виновен. 21 А дали сум невин? Ни самиот не знам веќе, мене ми стана сосем омразен мојот живот! 22 Зашто, тоа е сèедно; и затоа јас велам: Тој ги докрајчува невиниот и грешниот. 23 И смртниот бич кога би убивал одеднаш, Тој се смее на неволјите на невините. 24 Во земјата предадена во рацете на злочинците, Тој ги покрива очите на нејзините судии. Ако не е Тој, тогаш кој е друг? 25 Од брзоодецот моите дни се побрзи, бегаат далеку, не гледајќи никаде добро. 26 Како рогозови лотки преминуваат брзо, како орел кога се спушта врз пленот. 27 Ако речам: ќе го заборавам оплакувањето ќе го разведрам лицето и ќе бидам весел, 28 ужас ме опфаќа од моите маки, зашто знам дека Ти не ме сметаш невин. 29 Ако сум грешен, тогаш зошто напразно да се измачувам себеси? 30 Кога би се измил и со снежна вода, кога би ги очистил своите раце и со пепелница, 31 пак ќе ме турнеш во поголема нечистота и моите облеки ќе се гнасат од мене! 32 Зашто Тој не е човек, каков што сум јас, за да се правдам и да одам на суд со Него. 33 Нема некаков судија меѓу нас, за да ја стави својата рака врз нас двајцата, 34 да ја отстрани од мене Неговата прачка, неговиот ужас да не ме плаши веќе! 35 Сепак ќе зборувам без секаков страв, зашто јас не сум таков во своите очи.
1 Штом на мојата душа животот и се смачи; нека потече слободно мојата тажачка, ќе зборувам со горчината на својата душа. 2 Ќе Му речам на Бога: „Не ме осудувај!” Кажи ми зошто се препираш со мене? 3 Па што имаш од тоа да ме угнетуваш, да го зафрлиш делото на Своите раце, да им помагаш на намерите на нечесните? 4 Дали се во Тебе телесни очи? Зар Ти гледаш како што гледа човекот? 5 Зар Твоите денови се како деновите на смртникот, а Твоите години како човечкиот век? 6 Заради што ја истражуваш мојата вина, и сакаш да ги разоткриеш моите гревови, 7 кога знаеш добро дека сум невин, дека не можам да и избегам на Твојата рака? 8 Твоите раце ме обликуваа, ме создадоа совршено, зошто сега пак да ме сосипеш? 9 Спомни си, ме создаде како глина и ќе ме вратиш повторно во прав. 10 Не ме излеа ли мене како млеко, и направи да се потсирам како сирење? 11 Ме облече со кожа и месо, ме сплете со коски и жили. 12 Со милост ми го подари животот, внимателно бдееше над мојот здив. 13 Но во Своето срце го скри ова, знам дека тоа беше Твој наум: 14 да внимаваш будно дали ќе згрешам и да не ми помине гревот без казна. 15 Ако сум грешен, тогаш тешко мене, ако сум прав, главата не смеам да ја поткренам - полн со срам, напоен со несреќа! 16 Ако се исправам, ме гониш како лав, ја испитуваш Својата сила на мене, 17 нови оптужби подигаш против мене, пламнуваш со поголем гнев на мене и војни, едни по други, ме напаѓаат. 18 Зошто ме извади од утробата? О зошто не умрев: не ќе ме видеа, 19 ќе бев како и да не сум бил, од утробата би ме ставиле в гроб. 20 Дните на мојот живот се толку кратки! Остави ме да здивнам уште малку, 21 пред да тргнам на пат без враќање, во земјата на темнината, земјата на смртната сенка, 22 во земјата на густата темнина и метеж, каде што светлината е слична на најцрната ноќ. „
1 Софар Нааматецот проговори тогаш и рече: 2 Зар да не се одговори на многуте зборови? Зар многузборливиот уште и ќе се оправда? 3 Зар твоето празно брборење ќе ги замолчи луѓето? Зар подигрувањето ќе остане неисмеано? 4 Рече: „Моето учење е непорочно, чист сум во Твоите очи и без дамка.” 5 Но ако Бог сакаше да проговори и да ја отвори устата за да ти одговори, 6 и да ти ги открие тајните на мудроста што ниеден ум не може да ги сознае, ќе знаеше дека ти бара сметка за гревовите. 7 Можеш ли да проникнеш во Божјите длабочини? Можеш ли да го доловиш совршенството на Сèдржителот? 8 Повисоко е од небото: уште што да сториш? Подлабоко е од Шеолот: уште што да мудруваш? 9 Подолго е од земјата - пошироко е од морето! 10 Ако се повлече, ако те гребне, ако те предаде на суд, кој ќе Му брани? 11 Зашто Тој ја знае суетата на луѓето, ја гледа нечесноста и нема ли да внимава? 12 Но горделивиот човек е лишен од разум, и човекот се раѓа како диво осле. 13 Ако ти го исправиш своето срце и ги испружиш своите раце кон Него, 14 ако го отфрлиш лошото од рацете и ако не му дадеш простор на злото во својот шатор, 15 тогаш ќе можеш да издигнеш чисто чело, ќе бидеш цврст и не ќе се боиш. 16 Не ќе си спомнуваш веќе за своите искушенија, како ни за водата што истече. 17 Твојот живот ќе блеска појасно од пладнето, темнината ќе се претвори во зора. 18 Ќе живееш спокојно во својата надеж и заштитен ќе почиваш во мир. 19 Кога ќе легнеш, никој не ќе те заплаши, мнозина ќе ја бараат твојата наклоност. 20 А на злосторниците ќе им згаснат очите, не ќе има веќе засолниште за нив: единствената надеж ќе им биде: да издивнат.”
1 Јов проговори и рече: 2 „Навистина, вие сте само луѓе, мудроста ќе изумре со вас. 3 Но и јас знам да мислам како и вас, во ништо не сум полош од вас: кој не знае за такви работи? 4 Им станав потсмев на моите пријатели, зашто го повикувам Бога да ми одговори! Јас сум за потсмев: непорочниот праведник! 5 Тој кој е близу да се клизне со нозете, е како презрен светилник во мислите на оној кој живее спокојно. 6 Дотогаш се во мир шаторите на грабачите, предизвикувачите на Бога живеат безгрижно, зашто Бог ги снабдува со Својата рака! 7 Но, прашај ги животните, и ќе те поучат; прашај ги небесните птици, и ќе ти објаснат. 8 Земните гуштери ќе ти го протолкуваат тоа, рибите во морето ќе ти раскажат. 9 Од создавањето на светот, кој од нив не знае, дека Божјата рака го создаде сè тоа. 10 Во неговата рака лежи животот на секое суштество и животворниот здив на секое човечко тело. 11 Зар со увото ние не ја распознаваме беседата како што со јазикот го испитуваме вкусот на јадењето? 12 Седите коси му донесуваат мудрост на човекот, а со долгиот век му доаѓа умноста. 13 Но во Него е мудроста и силата, во Него се советот и сета разумност. 14 Што ќе разурне, никој не ќе го изгради, кого ќе го затвори, никој не го ослободува. 15 Ако ја задржи водата, постанува суша, ако ја пушти, целата земја ја избуричкува. 16 Зашто во Него се силата и сета мудрост, Негови се измамениот и измамникот. 17 Тој ги лишува советниците од разум, умните судии ги прави глупави. 18 Тој го распашува појасот на царевите и со јаже им го врзува бедрото. 19 Тој ги тера првенците боси и ги симнува од власт силниците. 20 Тој го одзема зборот од устата на зборливите и од старците вистинското расудување. 21 Тој излева презир врз првенците и ги распашува бедрата на јунаците. 22 Тој ги открива темнините на длабочините и смртната сенка ја изведува на светлина. 23 Тој го издига народот, па го уништува, го умножува, а потоа го искоренува. 24 Тој ги залудува владетелите на народите, па лутаат по непроодни пустини 25 и пипаат во темнина без светлина, залетнувајќи како пијаници.”
1 „Јас го видов сè тоа со своите очи, чув со своите уши и разбрав. 2 Сè што знаете вие тоа го знам и јас, во ништо не сум полош од вас. 3 Затоа, треба да зборувам со Сèдржителот, да ја изложам својата причина пред Бога. 4 Зашто, вие сте вистински ковачи на лагата и вие сте сите напразни лекари! 5 Кога бисте знаеле да молчите, ќе ја покажевте својата мудрост! 6 Сепак слушајте ги моите докази, чујте ја причината на моите усни. 7 Зар заради Бога зборувате лаги и зар заради Него се тие измамливи зборови? 8 Зар сакате пристрасно да Го браните Бога? Зар сакате да Му бидете застапници? 9 Зар би било добро Тој да ве испита? Зар бисте Го измамиле како човек? 10 Тој ќе ве изобличи со претешка казна, заради вашата потајна пристрасност. 11 Зар не ве плаши Неговото величество и зар не ве опфаќа ужас од Него? 12 Вашите причини се пословици од пепел, вашата одбрана е одбрана од кал. 13 Молкнете сега! Оставете ме да зборувам, па после нека ме снајде што му е мило. 14 Зар своето тело да го кинам сам со забите? Зар да го упропастувам животот со својата рака? 15 Тој може да ме убие: немам друга надеж, туку да ги оправдам своите патишта пред Него. 16 И тоа е веќе залог за моето спасение, зашто лицемер не може да стапи пред Него. 17 Послушајте ги внимателно моите зборови, нека навлезе беседата во вашите уши. 18 Ете: јас приготвив расправа, зашто сум уверен во своето право. 19 Кој сака да се суди со мене? Зашто ако молкнам, одма ќе издивнам. 20 Само две молби не ми скратувај, да не се кријам од Твоето лице, 21 крени ја од мене Твојата тешка рака и не плаши ме со својот ужас. 22 Тогаш прашај ме, а јас ќе одговорам; или јас да прашам, Ти да одговараш. 23 Колку престапи и гревови направив? Покажи ми ги мојот прекршок и вината. 24 Зошто го криеш сега Своето лице од мене и зошто гледаш непријател во мене? 25 Зошто го изморуваш со страв листот гонет од ветер и зошто се нафрлаш врз суво сламче? 26 О, Ти, Кој ми пишуваш горчливи пресуди и ме теретиш со гревовите на младоста, 27 Кој ми ги стави нозете во клада, и Кој бдееше над секој мој чекор и ги испитуваш трагите на моите стапки! 28 Животот ми се распаѓа како гнило дрво, како облека што молците ја изедуваат.”
1 „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји. 2 Како цвет никне и веќе венее, бега како сенка, не застанувајќи. 3 Зар ги отвораш очите врз таков и го изведуваш на суд пред Тебе? 4 Кој ќе извлече чисто од нечисто? Никој! 5 Зашто неговите денови се доброени, од Тебе зависи бројот на неговите месеци, кога му поставуваш непреминлива граница. 6 Симни го од него погледот за да може да почине, како наемникот што го довршува својот ден. 7 Па ни на дрвото не му пропадна сета надеж, пресечено, тоа пак раззеленува и нови младици никнуваат од него. 8 Ако неговиот корен и остарее во земјата, ако неговата пенушка се исуши во прав, 9 штом ќе почувствува вода, тоа ќе распапи и ќе пушти гранки како ново стебло. 10 Но кога човекот умре, останува покосен, кога смртникот издивне, каде е тој тогаш? 11 Сета вода од морето може да испари, и да секнат реките, да пресушат сосем, 12 но човекот кога ќе легне, не станува веќе, додека се небесата, не ќе се крене. 13 О, кога би сакал да ме скриеш во Шеолот, да ме засолниш додека не Ти помине гневот, да ми определиш рок, кога ќе си спомниш за мене! 14 Зашто, кога човекот умре, зар може да оживее? Би те чекал во сите денови на своето војување, додека не дојдеш да ми дадеш смена. 15 Би ме повикал, а јас би се одѕвал; имаш желба за делото на Своите раце. 16 А сега дебнеш над секој мој чекор, не сакаш да ми простиш ниеден грев, 17 го запечати мојот престап во вреќа и ја криеш сета моја вина. 18 Навистина! Како што еднаш се урна планината, како што стената се одмести од своето место, 19 како што водата со време, го рони каменот, а поројниот дожд со буица ја испира сета земја, така ја уништуваш надежта во човекот. 20 Го притеснуваш - тој си оди засекогаш со изменето лице, го испраќаш. 21 Му ги почитуваат децата - за тоа ништо не знае; ако се презрени не размислува за тоа. 22 Тој единствено страда заради своето тело, тој единствено тагува заради својот живот.”
1 Тогаш Елифаз Теманецот проговори и рече: 2 Зар на празни мисли одговара мудрецот и го полни мевот со источен ветер? 3 Зар тој се брани со празни зборови, со беседи што за ништо не користат? 4 Ти правиш уште повеќе: го уништуваш стравот од Бога, и ги укинуваш молитвите кон Бога. 5 Твоите зборови ја откриваат твојата вина, се послужи со лукав јазик, 6 сопствената уста те осудува, не јас, твоите усни сведочат сами против тебе. 7 Зар си првиот човек кој се родил? Зар дојде на светот пред ридовите? 8 Зар ти ги прислушкуваше Божјите тајни, и ја присвои за себе целата мудрост? 9 Што знаеш ти, а да не знаеме и ние, што разбираш ти, а да не го сфаќаме тоа? 10 Има меѓу нас и седи и стари, што имаат повеќе години од татка ти. 11 Зар се премали за тебе Божјите утехи и благите зборови упатени до тебе? 12 Зошто твоето срце така слепо те гони и зошто така диво превртуваш со очите? 13 Штом против Бога својот дух го свртуваш, одма од устата ти излегуваат такви зборови! 14 Што е човекот за да може да биде чист? Зар некој роден од жена е праведен? 15 Ете, Тој не се доверува ни на светците, за Неговото око ни небесата не се чисти, 16 а камоли тоа гадно и бунтовно суштество, човекот, кој пие неправда, како вода! 17 Сега, послушај ме мене, сакам да те поучам, сè што сум видел, сакам да ти раскажам, 18 она што мудреците кажуваа, не криејќи го она, што го примија од предците, 19 на кои им беше дадена оваа земја, врз која туѓинец никогаш не стапнал. 20 „Нечесниот се измачува во сиот свој век, на насилникот годините му се веќе доброени. 21 Крик на ужасот постојано му се во ушите, додека мирува, врз него напаѓа истребител. 22 Не се надева дека ќе им избега на темнините и знае добро дека му е наменет на мечот. 23 Тој скита наоколу за леб, велејќи, каде е? тој знае дека му наближува денот на темнината. 24 Немир и неволја го заплашуваат, се нафрлаат врз него, како цар приготвен за бој. 25 Тој подигаше рака против Бога, се осмелуваше да Му се противи на Сèсилниот! 26 Со горделиво чело се спушти кон Него, добро засолнет зад дебел штит. 27 Лицето му беше покриено со маст, и го направи да е здебелен својот крст. 28 Се насели во разурнати градови и се настани во напуштени куќи. Ќе се урне она што создаде за себе. 29 Нема да му цвета богатството, туку ќе се растури, неговата сенка нема да се шири по земјата. 30 Тој веќе нема да и избегне на темнината, оган ќе ги спржи неговите младици, ќе го снема во здивот на пламена уста. 31 Нека не се надева на својата суета, зашто празнота ќе му биде сета награда. 32 Пред време ќе овенат неговите младици, неговите гранки никогаш нема да се раззеленат. 33 Како лозницата ќе го стресува својот незрел грозд, како маслинката ќе ги исфрли цветовите. 34 Да, јалово е безбожничкото колено, и огнот го голта шаторот на поткупливите. 35 Кои зачнуваат зло, раѓаат несреќа и носат измама во својата утроба.”
1 Тогаш Јов проговори и рече: 2 „Колку се наслушав такви беседи, сите вие сте ми мачни тешители! 3 Има ли крај на тие празни зборови? Што те осмелува да ми одговараш така? 4 И јас би можел да зборувам како вас, да беше вашата душа на место на мојата; и јас би можел да ве затрупам со зборови и да мрднам со главата така над вашата судбина; 5 и јас би можел да ве охрабрувам со устата, и не би го жалел трудот на своите усни. 6 Но, ако говорам, страдањето не се ублажува, ако ли замолчам, зар ќе ме одмине? 7 Сега злопакоста ме умори сосем, цела толпа се нафрли врз мене. 8 Стана да сведочи против мене и во моето лице фрла клевети. 9 Со својот гнев ме распарчува и гони, чкртајќи со забите се нафрла врз мене. Моите противници ме сечат со очите, 10 заканувајќи се, ја отвораат устата против мене, ме удираат срамно по образите, тогаш сите, се нафрлуваат на мене. 11 Да, Бог ме предаде на неправедните, Тој ме фрли во рацете на опаките. 12 Живеев мирно додека Тој не ме растресе, ме фати за вратот, за да ме скрши, ме зеде за Своја цел. 13 Неговите стрели ме окружија, немилосрдно ми ги прободе бубрезите и со мојата жолчка ја натопи земјата. 14 Отвора рана до рана на моето тело, како бесен војник напаѓа на мене. 15 Го сошив голото тело во вреќиште, го нурнав своето чело во правта. 16 Ми се запали целото лице од солзи, темна сенка падна преку моите веѓи. 17 А нема насилство во моите раце, мојата молитва секогаш беше чиста. 18 О земјо, немој да ја криеш мојата крв, и не оставај никаде да почине мојот крик. 19 Отсега јас имам сведок на небото, мојот Бранител стои горе во висините. 20 Моите пријатели ме презираат, додека моите солзи се леат пред Бога. 21 О да ме одбрани во мојот спор со Бога како што смртникот го брани својот ближен! 22 Но, на мојот живот му се доброени годините, ќе тргнам на пат без враќање.”
1 „Здивот ми исчезнува, моите денови гаснат, ми останаа уште гробиштата. 2 Еве, потсмевачите ме грабнаа, од навреди не можам да затворам око. 3 Затоа заштити ме и биди ми сигурност, кога никој друг нејќе да ми удри во дланката. 4 Зашто, ги лиши од разумот нивните срца и не ќе им дозволиш да се издигнат. 5 Како тој што имотот им го дели на другарите, така гаснат очите на неговите деца. 6 На сите народи им станав за потсмев, оној - кому секој може да му плукне во лицето. 7 Од тага видот ми се помрачува во очите, моите делови на телото стануваат како сенка. 8 Заради тоа праведниците ќе се зачудат, чесните ќе избувнат против безбожниците; 9 непорочните ќе истраат во својот пат, човекот со чисти раце ќе зајакне уште повеќе. 10 Ајде, сите вие, нема ли да почнете пак, па меѓу вас не наоѓам мудар! 11 Дните поминаа, замислите пропаднаа, желбите на моето срце се изјаловија. 12 „Во најцрната ноќ, денот наближува; веќе е близу светлината до темнината.” 13 А мене ми е надеж да отидам во гробот и да си постелам легло во темнина. 14 Извикав кон распадливоста: „Ти си мој татко!” и кон црвите: „Вие сте ми мајка и сестра!” 15 Ама каде има уште надеж за мене? Кој ќе ја види мојата среќа некогаш? 16 Таа ќе слезе со мене во гробот, да се одмориме заедно во правот.”
1 Тогаш Валдад од Шуах проговори и рече: 2 Кога мислиш да ги зауздаш своите беседи? Вразуми се, сега, да разговараме! 3 Зошто нè сметаш за неразумен добиток? Зар сме животни во твоите очи? 4 О ти, што се раскинуваш себеси од гнев, сакаш ли да опустее земјата заради тебе, да се изместат карпите од своето место? 5 Светлината на опакиот ќе угасне, и не ќе му свети пламен во огништето, 6 ќе потемнее светлината во неговиот шатор и над него ќе згасне светилката. 7 Неговите крепки чекори стануваат ограничени, тој се сопнува врз сопствените намери. 8 Зашто неговите нозе го водат во стапица, и еве го како чекори веќе по мрежата. 9 Тенка стапица му ја фати ногата, и ете, јажињата го стегнуваат цврсто. 10 Го дебне јамка скриена на земјата, стапица го чека по патот по кој оди. 11 Стравови го напаѓаат отсекаде, и го прогонуваат по стапките. 12 Гладот ја проголта сета негова сила, несреќата е секогаш до неговата слабина. 13 Кобна болест му ја разјадува кожата, првенецот на смртта му ги нагризува деловите на телото. 14 Го извлекуваат од неговиот шатор, да го одведат при владетелот на ужасите. 15 Туѓинец се насели во неговиот стан, потуруваат оган врз неговиот дом. 16 Одоздола се сушат неговите корења, а одозгора му се сушат сите гранки редум. 17 Неговиот спомен ќе се сотре на земјата, неговото име се брише од лицето на земјата. 18 Го тераат од светлина во темнина, сакаат да го изгонат од земниот круг. 19 Во неговиот род ќе нема ни син ни внук, ниту преживеани во неговото живеалиште. 20 Потомците ќе се ужасуваат од неговиот ден и трепет ќе ги опфати современиците. 21 Ете, таква судбина го снаоѓа беззаконикот и домот на оној, кој не Го познава Бога.”
1 Јов проговори и рече: 2 „Па, до кога ќе ја измачувате мојата душа, до кога ќе ме сотирате со зборови? 3 Веќе десетпати ме укоривте, и не ви е срам дека ме измачувате. 4 Па ако навистина застранив, мојата заблуда останува со мене. 5 Мислите ли дека ме победивте и дека ја докажавте мојата вина? 6 Знајте: Бог ме притисна мене и Тој ме стегна со својата мрежа. 7 Викам: „Насилство!” - нема одговор молам покорно - ама нема правда за мене. 8 Ми го загради патот од сите страни, ги завитка во темнина сите мои патеки. 9 Ја соблече од мене мојата слава, го симна венецот од мојата глава. 10 Ме потсечува одсекаде и исчезнувам; ми ја откорна надежта, како дрво. 11 Неговиот гнев се распали против мене, и ме смета за Свој непријател. 12 Неговите чети пристигаат во боен ред, насипуваат патишта против мене, го опколуваат мојот шатор отсекаде. 13 Браќата се оддалечија од мене, моите познати се оттуѓија. 14 Ги снема моите ближни и познати, ме заборавија гостите на мојот дом. 15 На своите слугинки им сум како странец, непознат сум во нивните очи. 16 Го повикувам слугата, а тој не одговара, треба да го заколнувам за милост. 17 Моите воздишки станаа одвратни на мојата жена, гнасен сум им на децата на сопствената утроба. 18 И на малите деца им служам за презир, ако станам, ми се криват. 19 Им станав омразен на најблиските пријатели, против мене се оние кои ги љубев. 20 Коските ми се прилепени за кожата и телото, и ми остана само кожа околу забите. 21 Смилувајте ми се, пријатели мои, зашто Божјата рака ме удри. 22 Зошто ме гоните како Самиот Бог, зар не се наситивте со моето тело? 23 О кога би биле запишани моите зборови и кога би биле нацртани во книга; 24 да можат да бидат издлабени, со железно длето и олово, во карпа, за вечен спомен. 25 Јас знам добро: мојот Избавител живее и Тој во последно време ќе застане над земјата. 26 А кога мојата кожа се раскине, тогаш знам, во своето тело ќе го видам Бога. 27 Јас ќе го гледам Него како свој, моите очи ќе го гледат, а не некој друг: моето срце во градите, копнее по Него. 28 Кога ќе речете: „Како ќе го гониме? Која причина ќе ја најдеме кога коренот се наоѓа во него?” 29 Бојте се тогаш од меч мечот е казна за грев. Тогаш ќе сознаете дека има суд!”
1 Тогаш Софар Нааматецот проговори и рече: 2 „Мислите ме тераат да ти одговорам, и затоа во мене врие тоа возбудување, 3 додека ги слушам укорите што ме срамат, но мојот дух на разумот веќе ќе најде умен одговор. 4 Зар тебе не ти е познато од старо време, од кога е поставен човекот на земјата, 5 дека е кратковремена радоста на нечесниот, дека среќата на безбожникот поминува како миг? 6 Макар со растот да порасте и до небото, а неговата глава да допре до облаците, 7 тој исчезнува засекогаш како призрак. Кои го видоа велат: „Каде е сега тој?” 8 Тој се расплинува како сон без трага, исчезнува како ноќен привид. 9 Ниедно око нема веќе да го гледа, ниту неговото место ќе го види. 10 Бедните ќе ги гонат неговите деца: со своите раце ќе си го вратат имотот. 11 Неговите коски беа бујни со младост, ете, тие лежат во правот. 12 Злото и беше слатко на неговата уста, па го криеше под својот јазик; 13 се насладуваше внимавајќи да не го голтне, и го задржуваше под своето непце. 14 Но таа храна му гние во утробата, змиски отров станува во цревата. 15 Проголтаното богатство треба да го изблува. Бог ќе го истера од неговата утроба. 16 Цицаше отров од змиска глава: сега умира од јазикот на отровницата. 17 Тој веќе нема да гледа потоци со масло, ниту ќе види како мед и млеко течат по реката. 18 Ќе ја врати печалбата, без да вкуси од неа, нема да ужива во плодот на трговијата. 19 Зашто сиромаштијата ја тапчеше и ја угнетуваше, одземаше куќи што не ги изградил, 20 зашто немаше крај на неговото лакомство, неговите богатства нема да го избават. 21 Зашто неговата ненаситност не поштедуваше ништо, ни неговата среќа не ќе трае долго. 22 Среде изобилството ќе се најде во тешка состојба, бедата ќе се нафрли врз него со сета сила. 23 И додека го полни со храна својот желудник, Бог ќе ја пушти на него јароста на Својот гнев, ќе истури дожд врз него додека сè уште јаде. 24 Ако и му избега на железното оружје, бронзен лак ќе го прониже со стрела. 25 Ќе ја извлечеше стрелата, но таа му ги проби плеќите, а блескавиот врв стрчи од неговата жолчка, каде и да тргне, го дебнат трепети, 26 Сите темнини го чекаат молкум него. Го уништува оган, незапален од некого, и голта сè под неговиот шатор. 27 Ете, небото го открива неговото беззаконие и сета земја се крева против него. 28 Богатството на домот ќе му исчезне, ќе го расфрлат во денот на Божјиот гнев. 29 Бог им приготвува таква судбина на злосторниците и Тој му досудува такво наследство.”
1 Јов проговори и рече: 2 Слушајте, слушајте добро што ќе ви речам, доделете ми барем таква утеха; 3 истрпете јас да речам еден збор, кога ќе завршам, тогаш потсмевајте се слободно. 4 Зар мојот збор е кон човек? Како тогаш да не бидам малодушен? 5 Погледнете на мене: ужас ќе ве опфати, со раката ќе ја засолнете својата уста; 6 штом наумам за тоа, се исплашувам и самиот, и трпки го обземаат сето мое тело. 7 Зошто нечесните остануваат во живот и колку се постари, толку посилни стануваат? 8 Нивните деца напредуваат со нив, а нивните внуци се множат пред нивните очи. 9 Никаков страв не ги мори нивните куќи и Божјата прачка ги остава на мир. 10 Нивните бикови оплодуваат, не напразно, нивните крави се отелуваат и не пометнуваат. 11 Нивните деца скокаат слободно како јагниња, нивните синови играат весело. 12 Тие пеат покрај музиката на харфа и тапани и се веселат покрај звуците на свирката. 13 Ги завршуваат своите денови во среќа тие слегуваат спокојно во Подземјето. 14 А Му зборуваа на Бога: „Остави нè,” не сакаме да знаеме за Твоите патишта! 15 Па кој е Сèдржителот, да Му служиме и каква ни е ползата да Го призовуваме?” 16 Зар не ја имаа својата среќа во раката, иако тие не држеа до Него? 17 Зар некогаш се угаснал светилникот на опакиот? Зар несреќа се нафрлила врз него? Зар тој му ја скрои судбината во Својот гнев? 18 Зар стана како слама на ветер, како плева што виорот ја разнесува насекаде? 19 Дали Бог ќе го казни во неговите деца? Не, нека го казни него, самиот да го почувствува тоа! 20 Со сопствените очи нека ја види својата гибел, нека се напие од гневот на Сèсилниот! 21 Зашто, по смртта, што му е нему грижа за неговиот дом, кога ќе се пресече низата на неговите месеци. 22 Ама кој ќе Го научи Бога на мудрост, Него, Кој ги суди највисоките суштества? 23 Еден умира во полна благосостојба, без никакви грижи, во потполн мир, 24 со слабини здебелени од мрсно и со коски преполни со мозок. 25 А други умираат со горчина во душата, не вкусувајќи никогаш никакво добро. 26 Обајцата лежат заедно во прав, и црвите ги покриваат. 27 О, знам добро какви се вашите намери, какви зла замислувате вие против мене. 28 Зошто прашувате: „Каде е куќата на кнезот, шаторот - во кој живееја беззакониците?” 29 Не ги прашавте ли патниците на патот, зар нивното сведоштво не го примате: 30 „дека нечесниот е поштеден во денот на гибелта, а во денот на Божјиот гнев ќе биде одведен на страна.” 31 Но кој ќе му префрли на неговите постапки и кој ќе му врати за она што сторил? 32 А кога на крај ќе го однесат на гробишта, поставуваат стража на неговата гробница. 33 Лесни му се грутките на земјата во долината, додека целото население оди по него, а на оние кои одат пред него им нема број. 34 О како се празни вашите утехи, каква измама се вашите одговори!”
1 Тогаш Теманецот Елифаз проговори и рече: 2 „Зар човек може да Му биде полезен на Бога? Па кој е мудар, може да биде полезен на себеси. 3 Зар е милост за Семоќниот ако си праведен, и зар има полза ако си непорочен? 4 Или те кара заради твојата побожност и затоа сака да се суди со тебе? 5 Не е ли тоа заради твојата преголема злоба и заради беззаконијата, на кои не им има број? 6 Земаше залози од браќата за ништо, соблекуваше облеки од голи луѓе. 7 Ти не го напои со вода жедниот, им го скратуваше лебот на гладните; 8 на силниот човек ти му даваше земја, и угледниот се насели на неа. 9 Ти ги пушташе вдовиците без ништо а сирачињата ги оставаше со празни раце. 10 Ете, зашто те обиколуваат сега стапиците, зашто те измачуваат ненадејни стравови. 11 Светлината ти стана мрак, и ништо не гледаш, длабоки води те потопија тебе. 12 Зар Бог не е во небесната висина и зар Тој не им го гледа темето на ѕвездите? 13 Но ти велиш: „Што може Бог да знае? Зар може да суди низ темен облак? 14 Облаците го засолнуваат неговиот поглед, и Тој оди по сводот на небесниот круг.” 15 Имаш ли намера да се држиш до стариот пат, по кој одеа неправедните луѓе? 16 Тие исчезнаа пред време, пороите им ги однесоа основите. 17 Му зборуваа на Бога: „Остави нè нас! што може Сèдржителот да ни стори?” 18 А Тој им го полнеше домот со блага, но советот на нечесните да биде далеку од мене. 19 Праведниците гледаат и се радуваат непорочните им се потсмевнуваат: 20 „Ете, пропаднаа нашите противници, она што остана од нив, огнот им го проголта!” 21 Спријатели се ти и смири се со Бога, и пак ќе ти биде вратено доброто. 22 Впрочем, прифати го законот од Неговата уста, посади го Неговото слово во своето срце. 23 Ако се вратиш покаен кон Семоќниот, ќе бидеш утврден наново; и ако ја отстраниш неправдата од својот шатор. 24 Тогаш ќе го отфрлиш златото во прав и офирското злато меѓу поточните камчиња. 25 Семоќниот ќе стане твое чисто злато, Тој ќе биде светливо сребро за тебе. 26 Да, Сèдржителот ќе биде твоја радост, и ќе го издигаш лицето кон Бога. 27 Ќе Му се молиш, и ќе те послуша, ќе ги исполниш своите ветувања. 28 Што и да преземеш, сè ќе ти успее, и светлина ќе ги осветлува твоите патишта. 29 Зашто, Тој ја понижува гордоста на гордите, додека им притекнува на помош на оние, што имаа смирени очи. 30 Тој го избавува невиниот од неволја, и тебе ќе те спаси чистотата на твоите раце.”
1 Јов проговори и рече: 2 „Уште и сега е горчливо моето слово: моите страдања се потешки од моите воздишки. 3 О, кога би знаел како да Го најдам, како да стигнам до Неговиот престол, 4 пред Него би го изложил своето дело, од мојата уста би излегле доказите. 5 Би сакал да знам што би ми одговорил и да го разберам словото што би ми го рекол! 6 Зар Му треба голема сила за препирката? Не, достатно би било Тој да ме сослуша. 7 Би видел праведен во противникот, и тогаш би се ослободил засекогаш од Судијата. 8 Ако тргнам кон исток, не можам да Го најдам; ако тргнам кон запад, не Го согледувам. 9 Барам на север, но не Го забележувам; невидлив е ако се завртам на југ. 10 Па сепак, Тој добро го знае патот по кој чекорам! Нека ме испита: ќе излезам чист како злато! 11 Мојата нога се држеше до Неговите стапки, одев по Неговиот пат не застранувајќи. 12 Не отстапувајте од заповедите на Неговите усни, ги чував словата на Неговата уста повеќе отколку секојдневната храна. 13 Но ако посака нешто, кој ќе Го одврати? Што и да посака со душата, тоа ќе го исполни. 14 Ќе го изврши тоа што ми го определи мене, како и сè друго што одлучил! 15 Заради тоа, јас сум исплашен пред Него, и колку повеќе мислам, стравот ме фаќа посилно. 16 Бог ми го раслаби срцето, Сèдржителот ме исплаши, 17 иако не пропаднав ни во темнините, ниту во мракот што моето лице го покри.”
1 „Зошто времињата не се скриени од Семоќниот, а верниците не ги видуваат Неговите денови? 2 Безбожниците ги преместуваат меѓите, ограбуваат стадо и го пасат. 3 Им го одведуваат ослето на сирачето, го земаат во залог волот на вдовицата. 4 Ги тераат бедните од патот; се кријат бедните на земјата. 5 Како диви ослици во пустината рано одат да заграбат плен: пустината им ги храни децата. 6 Тие собираат во туѓа нива, го берат лозјето на опакиот. 7 Голите немаат облека ноќе, ни покривка против студот. 8 Тие киснат од планинските поројни дождови; без засолниште, се долепуваат до карпата. 9 Го оттгргнуваат сиракот од градата, земаат во залог дете од бедниот. 10 Одат голи, немаат облека; изгладнети, носат туѓи снопови. 11 Кои цедат масло меѓу ѕидовите; жедни, газат во каците. 12 Луѓето на умирање офкаат низ градовите, и душите на ранетите викаат за помош, но Бог се оглушува на сè тоа. 13 Има такви, кои ја мразат светлината: не ги признаваат нејзините патишта, ниту се придржуваат до нејзините патеки. 14 Убиецот се крева во мракот, ги коле бедниот и сиромашниот. 15 Окото на прељубникот копнее за примрак: „Никој нема да ме види,” вели тој и го прекрива своето лице со превез. 16 Во темнината ги пробива куќите, оние куќи, кои ги забележал дење. Тие не сакаат да знаат за светлина. 17 Зората им е како смртна сенка: штом зазори силен страв ги фаќа. 18 Тој е побрз од водите, избегнувајќи го патот преку лозјата, неговите имоти се проколнати во земјата. 19 Како што горештината и жегата го впиваат снегот, така и Подземјето ги проголтува грешниците. 20 Крилото што го роди го заборави, неговото име не се спомнува веќе; неправдата е скршена како стебло. 21 Тој измачуваше жена неротка, не и стори добро на вдовицата. 22 Но оној што силно ги фаќа насилниците, станува, а за нив гасне сета надеж. 23 Му даде сигурност, и тој се надева; со окото ги надгледуваше неговите патеки. 24 Се воздигнаа за малку, а тогаш исчезнаа, се рушат и изгниваат како сите други, пресечени како главите на класовите. 25 Не е ли така? Кој ќе ме изобличи во лага? Кој може да ги поништи моите зборови.
1 Тогаш Валдад од Шуах проговори и рече: 2 „Господството и стравот се во Неговата рака и Тој создава мир во Своите висини. 3 Зар можат да бидат изброени Неговите чети и врз кого не изгрева Неговата светлина? 4 Па како може човек да биде праведен пред Бога, и родениот од жена, како може да биде чист? 5 Ете, и месечината ја губи својата светлина пред Него, за Неговите очи ѕвездите не се чисти. 6 Што да се рече тогаш за човекот, за тој црвец, за човечкиот син - бедно црвче?”
1 Јов проговори и рече: 2 „Колку добро знаеш да му помогнеш на немоќниот и да ја потпреш изнемоштената мишка! 3 Колку добар совет му даваш на неукиот; навистина покажа преголема мудрост. 4 Кому му ги упати овие зборови и кој дух зборуваше од тебе?” 5 Мртвите пред Бога, треперат долу под земјата, морските води се тресат и нивните чудовишта. 6 Пред Неговото око Шеолот зее откриен, и бездната на смртта нема превез на себе. 7 Тој го оптегнува Северот врз празнината, Тој ја држи земјата, необесена на ништо. 8 Тој ја затворува водата во Своите облаци, но облаците не се скинуваат под неа. 9 Тој го покрива полното лице на месечината, простирајќи го Својот облак врз него. 10 Тој и постави меѓи на водата, каде прекратува светлината и темнините почнуваат. 11 На небесниот свод се потресуваат столбовите и премираат од страв, кога Тој се заканува. 12 Тој го скроти морето со Својата сила и го сотре со мудрост чудовиштето Рахав. 13 Со својот Дух ги украси небесата, а Неговата рака ја прободе брзата змија. 14 Сè тоа е само дел од Неговите дела, од кои ние за Него слушаме слабо. Но кој може да го сфати громот на Неговата сила?”
1 Јов ја продолжи својата беседа и рече: 2 „Жив е Бог, Кој ми ја скратува правдата, и Сèдржителот, Кој ми ја огорчи душата. 3 Сè додека мојот дух е уште во мене, додека Божјиот здив биде во моите носалки, 4 Моите усни нема да изустат зло, ниту некаква лага ќе дојде на мојот јазик. 5 Далеку од мене да ве оправдам, својата невиност ќе ја бранам до последниот здив. 6 Јас се држам за својата правда, нема да ја оставам; моето срце нема да ме кори заради моите денови. 7 Нека го најде мојот непријател кобта на безбожникот, а мојот противник - судбината на беззаконикот! 8 Зашто на што може да се надева кога се моли покорно и кога ја вознесува својата душа кон Бога? 9 Ќе ги чуе ли Бог неговите крици, кога неволјата ќе се нафрли врз него? 10 Зар ќе се радува тој во Сèдржителот? Зар ќе го повикува Бога во секое време? 11 Но јас ќе ви ја покажам Божјата рака и нема да ви ги скријам намерите на Сèдржителот. 12 Ете, сами можевте да го видите сè тоа, зошто тогаш се губите во празнина?” 13 Оваа судбина Господ ја одредува на беззаконикот, ова наследува силникот од Сèдржителот. 14 Има ли многу синови, меч ги чека, а неговиот пород не ќе има доста леб. 15 Смртта ќе ги погребе неговите преживеани, и вдовиците не ќе ги оплачуваат. 16 Ако натрупа и сребро како прав, ако насобере и облеки како кал, 17 нека ги собира, праведник ќе ги облече, невини луѓе ќе го разделат среброто. 18 Изградил куќа од пајажина, колипче какво прави за себеси полјакот. 19 Легна богат, но за последен пат; кога ги отвори очите, ништо веќе нема. 20 Ужас го опфаќа среде бел ден, ноќе, бура го грабна и го однесе. 21 Источниот ветер го крена и го одвлече, бурата го фрла далеку од неговото место. 22 Без милост мавта со него насекаде, додека овој се обидува да му избега од раката. 23 Плескаат со раце над неговата пропаст, го исвиркуваат каде и да дојде.
1 Да, среброто има свое наоѓалиште, а златото место каде се прочистува. 2 Железната руда се вади од земјата, а од камена рудница се топи бакар. 3 Луѓето и поставуваат граница на темнината и копаат до најголемите длабочини, по камен закопан во мрак. 4 Далеку во туѓина длаби ровови, до кои не допира човечката нога, виси, нишајќи се, далеку од луѓето. 5 Крилото на земјата, од кое ни никнува лебот, сето е раскопано како од оган. 6 Нејзините карпи се сокровиште на сафир, златен прав се крие во нив. 7 Грабливите птици не ги знаат тие патишта, соколовото око не ги забележува. 8 Дивите ѕверови не стапнаа на нив, ниту пак некогаш лавот помина по нив. 9 Но човек крева рака против каменот, и ги превртува планините од корен. 10 Засечува премини низ камен, неговото око забележува сè скапоцено. 11 Тој го запира текот на водните жили; засолнати работи изнесува на видело. 12 Но, од каде ни доаѓа Мудроста? Во кое место престојува Разумот? 13 Човекот не знае нејзиниот цена, не ја открија во земјата на живите. 14 Бездната зборува: „Ја нема во мене!” А морето: „Не се наоѓа кај мене!” 15 Не може да биде купена со чисто злато, ниту да се измери со сребро нејзината цена. 16 Не се мери таа со офирско злато, ни со скапиот оникс па ни со сафир. 17 Не се споредува со злато, со кристал, ниту се дава за сад од чисто злато. 18 Зошто да се спомнува кристалот, коралот, подобро е да стекне Мудрост отколку бисери. 19 Што е спрема неа етиопскиот топаз, не се преценува ни со чисто злато. 20 Но, од каде ни доаѓа Мудроста? Во кое место престојува Разумот? 21 Скриена е за очите на сите живи, таа им избегнува на небесните птици. 22 Пеколната пропаст и смртта изјавуваат: „Ние само чувме за нејзината слава.” 23 Единствено Господ го разбира нејзиниот пат, единствено Тој знае каде се наоѓа. 24 Зашто со поглед ги опфаќа границите на земјата и забележува сè под небесниот свод. 25 Кога сакаше да му одреди тежина на ветерот и со мерилка да ја измери сета вода, 26 кога му наметна закони на дождот и патишта на громовните облаци, 27 тогаш ја виде и ја измери, ја зацврсти и ја испита до дното. 28 А потоа му рече на човекот: „Стравот од Господа - ете што е мудрост, „Отстранувај се од злото” - тоа ти е разумност.”
1 Јов ја продолжи својата беседа и рече: 2 „О да можам да ги проживеам минатите месеци, оние денови кога Бог бдееше над мене. 3 Кога Неговиот светилник светеше над мојата глава, а Неговата светлина ме водеше низ темнината, 4 како во годините на мојата зрелост, кога Божјата добрина беше над мојот дом. 5 Кога Сèдржителот уште беше со мене и моите деца ме опкружуваа, 6 кога моите нозе ги миев во млеко, а мојот камен излеваше потоци масло! 7 Кога излегував над градската врата и ја поставував својата столица на раскрсницата, 8 откако ќе ме видеа, младите се криеја; старците откако ќе станеа, стоеја, 9 првенците го прекратуваа разговорот и ја ставаа раката на својата уста. 10 Гласот на началниците стивнуваше сосем, јазикот им се залепуваше за непцето. 11 Секој што ме слушаше, ме наречуваше блажен, ме фалеше окото, што ќе ме видеше. 12 Зашто, го избавував бедниот кога викаше и сиракот оставен без помош. 13 Благословот на изгубените беше врз мене, јас му ја враќав веселбата на срцето на вдовицата. 14 Се облекував во правдата како со облека, беспристрасноста ми беше наметка и венец. 15 Бев очи на слепиот и бев нозе на хромиот. 16 Татко на бедните, застапник на странците. 17 Го разгледував внимателно делото на непознатиот, му ги кршев челустите на беззаконикот, го истргував пленот од неговите заби. 18 Велев: „Ќе издивнам во своето гнездо, како палма, проживувајќи безбројни денови.” 19 Моите корења се простираат до водата, росата почива на моите гранки. 20 Мојата слава ќе се подмладува секогаш, и лакот ќе се обновува во мојата рака. 21 Слушаа желно што ќе им кажам, и молчеа за да чујат совет од мене. 22 Ништо не додаваа на моите зборови, и моите беседи капеа како дожд врз нив. 23 Тие копнееја по мене како по дожд, отвораа уста како за летен пороен дожд. 24 Мојата насмевка им беше охрабрување; внимаваа на ведроста на моето лице. 25 Јас им ги избирав патиштата, јас ги предводував како поглавар, како цар кога е среде своите чети, како оној кој ги теши јадосаните.
1 А сега, ете, ми се потсмевнуваат, луѓе по години помлади од мене, чии татковци не би ги ставил ни со овчарските кучиња на своето стадо. 2 Па зошто ми е силата на нивните раце, кога ќе им ја снема нивната мажествена сила? 3 Испиена од глад и скудност; гризеа корења во пустината и густа шума по запустените урнатини. 4 Береа лобода и лисја од грмушките, како леб јадеа смреково корење. 5 Тие се протерани од човечкото општество, викаат по нив како по крадци. 6 Живееја по страшни ровови, во пештери и во пукнатини. 7 Рикањето им се креваше од честакот, лежеа стиснати по трништата. 8 Синови на навредените, род на безимените, ги протеруваа со бичеви од земјата. 9 На таквите им станав шеговита песна и сега ним им служам како приказна! 10 Се гнасат и бегаат од мене, не се стеснуваат да ми плукаат во лицето. 11 Бидејќи Бог ми го скрши лакот и ме сотре, тие ја отфрлија уздата од своите усти. 12 Изродите стануваат од мојата десна страна, тие ги тераат моите нозе во бегство, насипуваат пат на пропаст кон мене. 13 Ми ја разурнуваат патеката, за да ме сотрат, напаѓаат и никој не им брани. 14 Тие навлегуваат низ широк пролом и се тркалаат како бура. 15 Сите стравотии се свртуваат кон мене, мојот углед го снема како ветер, доброто исчезна како облак. 16 Мојата душа се разлева во мене, денови на неволја се урнаа врз мене. 17 Ноќе, болеста ги прободува моите коски, не стивнуваат болките, што ме гризат. 18 Маката ми ја смени и облеката и ме стегна како јака на облекло. 19 Ме фрли во калта долу, ете, станав како прав и пепел. 20 Викам кон Тебе, но Ти не одговараш; стојам пред Тебе, но Ти и не се грижиш. 21 Стана жесток кон мене, со претешка рака се нафрлаш кон мене. 22 Ме креваш со виор, со него ме носиш, ме вртиш силно во вртеж на бурата. 23 Да, знам дека ме предаде на смртта, на заедничкото собиралиште на сите живи. 24 Не ја испружува ли раката давеникот, не вика ли кога ќе падне во неволја? 25 Не плачев ли за страдалниците, не се ли сожали мојата душа за сиромашниот? 26 Се надевав на среќата, а дојде несреќата; ја чекав светлината, а, ете, темнина ме зави. 27 Утробата врие во мене непрекратно, ми донесува нови страдања, секој ден. 28 Одам поцрнет, но никој не ме теши; Станувам во собранието - за да извикам. 29 Станав брат на шакалите и им станав другар на ноевите. 30 Сета кожа поцрне на мене, и оган ми ги изгоре коските. 31 Мојата харфа се претвори во тажачка, а мојата свирка има глас на тажачи.
1 Склучив завет со своите очи, дека нема да погледнат на ниедна девица. 2 А што ми досуди Господ одозгора, какво ми е наследството од Сèдржителот? 3 Па, не е ли несреќата за нечесниот, а неволјата за оние што прават зло? 4 Не ги гледа ли Тој сите мои патишта, не ги брои ли Тој сите мои чекори? 5 Зар одев, кога и да било, во друштво со лагата? Зар мојата нога брзаше кон измама? 6 Нека ме измери Бог врз права мерка, па ќе ја види мојата непорочност! 7 Ако мојот чекор се отстрани некогаш од патот, ако моето срце го следеше окото, и ако срамно дело ми ги извалка рацете, 8 друг нека го јаде тоа што сум го посеал, нека ги искорени сите мои подници. 9 Ако моето срце се завело по некоја жена, ако дебнев некогаш зад вратата на својот ближен, 10 тогаш мојата жена нека меле на друг, нека ја подели својата постела со друг! 11 Со тоа би направил бесрамно дело, злостор на кој правдата треба да му пресуди. 12 Би запалил оган што жеже до пропаст и што би ја изгорел сета моја едногодишна жетва. 13 Ако некогаш го презрев правото на својот слуга или слугинка, кога спореа со мене, 14 што ќе направам кога Бог ќе стане? Што ќе одговорам кога ќе побара сметка? 15 Зар Тој не нè создаде двајцата во утробата и нè создаде еднакво во мајчиното крило? 16 Дали се правев дека не ги слушам молбите на сиромашните или ги расплакав вдовичините очи? 17 Дали го јадев некогаш сам својот залак, а да не го делев со сирачето? 18 Па, од младоста му бев како татко, го водев од мајчиното крило! 19 Зар го гледав безкуќникот без облека или некој беден без покривка, 20 а неговите бедра да не ме благословија мене, кога се стопли со руното на моите овци? 21 Ако кренав рака против невин, знаејќи дека мојот бранител е при вратата, 22 моето рамо нека се откорне од плеќката и нека ми отпадне раката од лактот! 23 Зашто Божјите ужаси би паднале врз мене и не би можел да устојам пред Неговото величество. 24 Зар надежта ја ставив во златото или му реков на златото: „Сигурност моја!” 25 Зар се радував на големо богатство, на богатствата што ги спечалија моите раце? 26 Зар - гледајќи го сонцето како блеска и како месечината патува по сјајното небо, 27 моето срце се зазеде потајно да им испратам бакнеж со раката? 28 Тоа ќе беше грев што вика по суд, бидејќи би се одрекол од Сèвишниот Бог. 29 Зар се зарадував на неволјите на непријателите и ликував кога го снајде зло, 30 јас, кој не го остави јазикот да греши, проколнувајќи го и сакајќи да умре? 31 Не зборуваа ли луѓето на мојот шатор: „Па кого тој не го засити со месо?” 32 Никогаш странец не ноќеваше надвор, ја отварав својата врата на патникот. 33 Не ги криев своите гревови како Адам, не ја криев вината во своите гради. 34 Зашто се плашев од озборувањата на мноштвото и стравував од племенското презрение, па молчев не преминувајќи преку својот праг. 35 О, да имаше некој да ме сослуша! Јас го кажав својот последен збор: Сèдржителот нека ми одговори сега! Противникот нека ми напише оптужница, 36 и јас ќе ја носам на своето рамо, ќе го украсам челото со неа како со круна. 37 Ќе Му дадам сметка за своите чекори и ќе стапам пред Него како кнез.” 38 Ако мојата земја викаше против мене, ако со неа, плачеа нејзините бразди; 39 ако јадев плодови, без да платам, и ако ги јадосав нејзините орачи, 40 нека расте троскот на неа, место жито, и место јачмен нека расте какол насекаде! - Крај на Јововите зборови.
1 Оние три човека прекратија да му одговараат на Јова, зашто тој се сметаше невин. 2 Тогаш се налути Елиу, Варахиловиот син, од Вуза, од Арамовото племе: пламна со гнев против Јов, бидејќи се сметаше за праведен пред Бога. 3 А пламна со гнев и против трите негови пријатели, зошто не најдоа веќе ништо што да му одговорат, па така го осудија Јова. 4 Додека тие разговараа со Јова, Елиу молчеше, зашто тие беа постари од него. 5 Ама кога виде дека оние три мажи немаа веќе одговор во устата, пламна со гнев. 6 И проговорувајќи, Елиу, Варахиловиот син од Вуза рече: „Јас сум уште млад според своите години, а вие навлеговте во длабока старост; затоа јас се воздржав страшливо да го покажам своето знаење пред вас. 7 Мислев во себе: „Староста ќе зборува, многуте години ќе ја покажат мудроста.” 8 Навистина, има дух во човекот, здивот на Сèдржителот го прави разумен. 9 Понапреднатата возраст не дава мудрост, ниту старците ја знаат праведноста. 10 Затоа ве молам, послушајте ме мене, да ви го изложам и јас своето знаење. 11 Ги следев со внимание вашите беседи и ги сослушав вашите причини, додека баравте што да кажете. 12 Целото мое внимание беше врз вас, но немаше никој да го побие Јова, ниту пак некој од вас да му се противстави на неговото слово. 13 Не велете: „Ја најдовме мудроста, Бог ќе го побие, зашто човекот не може.” 14 Тој не ја насочи беседата кон мене: нема да му одговорам со вашите зборови. 15 Поразените не можат да се противстават, прекратија да зборуваат! 16 Чекав! Но, ете, тие не зборуваат, молкнаа, ни збор повеќе да кажат, 17 сега е на мене да проговорам, и јас ќе го изложам своето знаење. 18 Многу зборови бликаат во мене, додека мојот дух ме тера одвнатре. 19 Ете, мојата внатрешност е како затворено вино, ќе распукне како нов мев. 20 Да ми олесни, затоа ќе зборувам, ќе ги отворам усните и ќе ви одговорам вам. 21 Не ќе се приклонам ниту кон едната страна, ниту имам намера да му ласкам некому, 22 јас не умеам да ласкам никако, зашто мојот Творец би ме погубил веднаш.”
1 „И така, чуј, Јове, што ќе ти кажам, наведни го увото кон моите беседи. 2 Ете, ја отворив својата уста, а јазикот ми создава зборови под непцето. 3 Моето срце ќе ти зборува искрено, усните ќе изречат чиста вистина. 4 Па и мене Божјиот Дух ме создаде, здивот на Сèдржителот ме оживе: 5 ако можеш, противстави ми се ти; подготви се да ми се спротивиш! 6 Ете, како и ти, и јас сум пред Бога, како и ти, бев создаден од глина; 7 затоа јас нема да те ужасувам со страв, мојата рака нема да те притисне. 8 И така, на мои уши рече - сосем јасно ги чув твоите зборови: 9 „Невин сум и без никаков грев; прав сум и нема вина врз мене, 10 но Тој нашол обвинување против мене и ме смета за Свој непријател. 11 Ги стави моите нозе во клади, Тој внимава на секој мој чекор.” 12 Тука, ти велам, не си во право, зашто човек не може да се мери со Бога. 13 Па зошто се препираш со Него? Тој не дава отчет ниту за едно од Своите дела. 14 Господ ни зборува нам еднаш и двапати, но човекот не обрнува внимание на тоа. 15 Во соништата, во ноќните виденија, кога длабок сон ги совладува луѓето и додека сонуваат цврсто на леглата, 16 тогаш Тој му зборува на увото на човекот, и го плаши со морничави привиди, 17 за да го одврати од неговите дела, да ја обори гордоста во човекот, 18 да ја спаси неговата душа од јамата и неговиот живот да не падне од меч. 19 Тој го кара, на леглото, со болест, кога коските му се тресат непрекратно. 20 Кога лебот му се гади на неговиот живот и најдоброто јадење на неговата душа. 21 Кога неговото тело гине очигледно и му се гледаат оголените коски. 22 Кога душата му се приближува до гробот, а неговиот живот кон гласниците на смртта. 23 Тогаш, ако не се најде ангел покрај него, еден посредник меѓу илјада, за да го спомени човекот на должноста, 24 па се сожали над него и рече: „Избави го, за да не слезе во јамата; најдов откупнина за неговиот живот! 25 Нека му процвета телото со младост, нека се врати во младечки денови!” 26 Му се помолува на Бога и Бог го послушува: Тој го погледнува радосно во лицето; му ја враќа на човекот неговата праведност. 27 Тогаш човекот ќе погледне на луѓето, велејќи: „Грешев и го изопачував правото, но Бог не ме казни. 28 Тој ми ја спаси душата од гроб и мојот живот се радува на светлината.” 29 Ете, Бог го прави сè тоа двапати и до трипати за човекот, 30 за да ја спаси неговата душа од гробот и да му го осветли животот со светлина. 31 Внимавај, Јове, послушај ме добро; молчи, зашто уште не доискажав сè. 32 Ако имаш уште зборови, одговори ми, говори - со задоволство би те оправдал тебе, 33 ако немаш, послушај ме само, внимавај, и ќе те научам на мудрост.
1 Елиу ја продолжи својата беседа и рече: 2 „И вие мудреци, чујте што ќе речам, вие, умни луѓе, послушајте ме мене, 3 зашто нашите уши ги испитуваат беседите, исто како што непцето ја испитува храната. 4 Заедно да испитаме што е право и заедно да размислиме што е добро. 5 Јов тврдеше: „Јас сум праведен, но Бог ми ја скратува мене правдата. 6 Во право сум, а ме прават лажец, прострелан на смрт, а без своја вина!” 7 Зар има некаде човек како Јова, кој ја пие хулата како вода, 8 кој чекори заедно со злочинците и го дели истиот пат со нечесните? 9 Тој тврди: „Каква полза има човекот од тоа што сака да Му угоди на Бога? 10 Затоа чујте ме, вие умни луѓе: Злото е многу далеку од Бога и неправедноста од Сèдржителот. 11 Па Тој му плаќа на човекот според делата секому му дава според неговото поведение. 12 Навистина, Бог никогаш не прави зло, ниту Сèдржителот ја извртува некогаш правдата. 13 Кој освен Него мисли за земјата? И кој ја управува вселената? 14 Кога Тој би го повлекол Своето срце кон Себе, кога би го вратил сиот Свој Дух кон Себе, 15 сите суштества би издивнале одеднаш и човекот би се претворил во прав. 16 Ако имаш разум, слушај го ова, и внимавај на моите зборови. 17 Може ли да владее оној кој ја мрази правдата? Сакаш ли да го осудиш Најправедниот? 18 Оној, Кој му вели на царот: „Никаквец!” а на кнезот му говори: „Злосторнику!” 19 Кој не е пристрасен кон кнезовите, и еднаков Му е бедниот и богатиот, зашто тие се дело на Неговите раце? 20 Умираат во еден миг: среде глува ноќ; народите се брануваат, поминуваат, моќните паѓаат без човечка рака. 21 Зашто, Неговите очи се над човечките патишта, и Тој го гледа секој негов чекор. 22 Нема таков мрак и ниту смртна сенка, каде би можеле да се скријат оние што прават неправда. 23 Господ не му вели никому однапред, кога ќе стапи на суд пред Него. 24 Тој ги сотира јаките без сослушување и поставува други на нивното место. 25 И така, многу добро ги познава нивните дела! Среде ноќ, Тој ги кутнува и ги гази. 26 Со удар ги бие заради нивната злоба, во место каде сите можат да ги видат. 27 Зашто прекратија да одат по Него, ги занемарија Неговите патишта, 28 гонејќи ги бедните да пискаат до Него и угнетуваните да лелекаат кон Него. 29 Ама ако мирува, кој ќе Го трогне Него? Скрие ли го лицето, кој може да Го види? 30 Бдее над народите, како и над човекот, да не завладее некој кој го заведува народот. 31 Кога безбожникот ќе Му рече на својот Бог: „Ме заведоа, повеќе не ќе грешам. 32 Не разбирам ли, поучи ме Ти сега и ако некогаш правев неправда, во иднина нема да ја вршам!” 33 Мислиш ли дека Бог треба да го казни него, додека ти ги презираш неговите замисли? Но кога одлучуваш ти а не јас, ајде сега, истреси ми ја својата мудрост! 34 Сите умни луѓе ќе се сложат со мене и секој разумен, кој ќе ме чуе мене: 35 „Јов зборуваше необмислено, нема мудрости во неговите зборови. 36 Затоа, Јов нека се испита до крај, зашто одговара како злосторник; 37 а на својот грев му додава уште побуна, тој плеска со дланките меѓу нас и ги натрупува своите хули против Бога.”
1 Елиу ја продолжи својата беседа и рече: 2 „Зар ти мислиш да го браниш своето право, да ја докажуваш праведноста пред Бога, 3 кога Му велиш: „Зошто ти е важно тоа, ако грешам, што Ти чинам со тоа?” 4 Јас ќе ти одговорам тебе, на сè тоа, и на твоите пријатели едновремено. 5 Погледни на небото и набљудувај! Гледај ги облаците: повисоки се од тебе! 6 Ако грешиш, што направи против Него, што Му зададе со своите престапи? 7 Ако си прав, зошто дојде при Него и што добива Тој од твојата рака? 8 Твојата нечесност ги повредува сличните на тебе, и твојата правда му ползува на човекот. 9 Но кога стенкаат под тешкиот јарем, кога викаат заради насилството на моќните, 10 никој не вели: „Каде е Бог, мојот Творец, Кој ја исполнува ноќта со весела песна. 11 Нè прави поумни од земните ѕверови и помудри од небесните птици?” 12 Тогаш викаат, но Тој не одговара заради гордоста на злосторниците. 13 Но колку е суетно да се тврди дека Бог не ги слуша нивните викови, дека Сèдржителот не свртува поглед на нив! 14 А камоли кога ти велиш допрва: „Тој не ме гледа, мојата парница стои пред Него, а јас уште чекам на неа.” 15 Или: „Неговата лутина не казнува, тој воопшто не се грижи за престапите.” 16 Тогаш Јов напразно ја отвора устата и натрупува неразумни беседи.
1 Елиу продолжи и рече: 2 „Стрпи се, малку, па ќе те поучам, зашто уште не дореков сè за Бога. 3 Своето знаење ќе го изнесам оддалеку, да Го оправдам својот Создавач. 4 Навистина, моите зборови не знаат за лага, пред тебе е човек совршен во знаење. 5 Ете, Бог е силен, но не презира, моќен е со силата на Својот разум. 6 Тој не остава да живее нечесниот, им набавува правда на страдалниците. 7 Тој не ги симнува очите од праведните, ги крева на престоли, покрај царевите, за да бидат возвишени довека. 8 Ако се тие оковани во вериги и сопнати со јажињата на неволјата, 9 Тој им ги напомнува нивните дела, им го кажува гревот на нивната гордост. 10 Тогаш им го отвора увото за опомена и ги призовува да се отстранат од злото. 11 Ако послушаат и Му се покорат, нивните денови завршуваат во благопријатност, нивните години во радост; 12 ако пак не слушаат, умираат од копје, заглавуваат, незнаејќи ни самите како. 13 А нечесните срца негуваат омраза, не бараат помош, кога Тој ги врзува во окови; 14 умираат во цветот на своето детство и животот им завршува меѓу содомците. 15 Тој го спасува страдалникот преку неговата беда и му ги отвора очите во несреќа. 16 Ќе те избави од грлото на теснината, ќе те изведе кон безграничните пространства, кон стол преполн со месо. 17 Но ти си го исполнил судот на безбожниците суд и осудување ќе те постигне. 18 Отсега нека не те заведува изобилството и нека не те расипе пребогатиот дар. 19 Богатиот нека ти биде како човек без злато, а човекот со силна рака како слабиот. 20 Не ги гони оние што ти се туѓи, за да ги ставиш роднините на нивното место. 21 Внимавај да не свртиш кон неправдата, зошто заради неа те најде искушението. 22 Ете, Бог е возвишен во Својата сила! Зар има учители како Него? 23 Кој Му Го одреди Нему Неговиот пат? Кој ќе Му рече: „Работеше криво?” 24 Спомни си да го величаш Неговото дело што луѓето го опеаја со песни: 25 Целиот свет го набљудува со восхитување, човекот се восхитува, макар оддалеку. 26 Бог е поголем отколку што можеме да сфатиме. неодолив е бројот на Неговите години! 27 Тој ги собира водните капки во височина и го претвора дождот во пареа и магла. 28 Тогаш поројни дождови плискаат од облаците и се изливаат врз луѓето. 29 Кој ќе го сфати ширењето на облаците, страшниот татнеж на Неговите шатори? 30 Ете, Тој ја распростира светлината над Себе и го покрива морското дно со води. 31 Тој ги суди народите преку нив, ги дарува со изобилна храна. 32 Тој ја држи молњата со двете раце и и кажува каде да удри. 33 Со громов глас се навестува Себеси, стигнува со гнев да ја разгроми нечесноста.
1 Да, и моето срце трепери од тоа и сака да искочи од своето место. 2 Слушнете го, слушнете го, грмежот на Неговиот глас, татнежот што излегува од Неговата уста. 3 Ете, секавица лета преку целото небо - и светнува блесок од крај до крај на земјата. - 4 Зад неа еден силен глас се разнесува: Тој грми со величествен глас. Неговите молњи летаат никој не им пречи, штом се чуе Неговиот глас. 5 Да, Бог грми со величествен глас, создава несфатливи големи дела. 6 Кога ќе му рече на снегот: „Опснежи по земјата!” И на поројните дождови: „Заврнете силно!” 7 На секој човек му ги запечатува рацете, сите да го запознаат Неговото дело. 8 Тогаш сите ѕверови се вовлекуваат во скривалиште и остануваат во своите легла. 9 Бурата се крева од јужната страна, а северните ветрови донесуваат студ. 10 Веќе од Божјиот здив настанува мраз и се здрвува водната површина. 11 И Тој пак ги полни со вода облаците, и облаците почнуваат да светкаат со молњи; 12 кружат насекаде по Неговата волја, што им наложи, тоа ќе извршат, на лицето на целиот земски круг. 13 Ги испраќа - или да ги казни народите, или за земјата или за милост. 14 Послушај го ова, Јове, смири се и разгледај ги чудесните Божји дела. 15 Знаеш ли како Бог ги заповеда нив, како ја пушта молњата од Својот облак? Тоа се чудеса на совршено знаење. 16 Си научил ли како се издигат облаците и 17 како се стоплуваат твоите облеки од жегата, во јужниот ветер, кога земјата се одмара? 18 Зар ти ги распна небесата со Него, цврсти како одлеано огледало? 19 Де, поучи ме што да Му речеме: не се снаоѓаме веќе заради темнината. 20 Зар ќе Му речеш: „Сакам да зборувам?” Или ќе се согласиш на сопствената пропаст? 21 И така, кој може да гледа во светлината на небесата што свети со блесок, кога ветриштата ги растеруваат облаците? 22 Од север светнува како злато: Бог се облече со страшно величество! 23 Да, не можеме да Го достигнеме Сèдржителот, неизмерлив е во Својата сила и во судот, и во совршенството на правдата, Тој не угнетува никого. 24 Затоа сите луѓе нека се бојат од Него! На горделива мудрост Тој и не гледа.”
1 Тогаш Господ му одговори на Јова од бура и рече: 2 Кој е тој кој со безумни зборови ја замрачува божествената промисла? 3 Препаши си го крстот како јунак Јас ќе те прашам, а ти поучи Ме. 4 Каде беше кога ја основав земјата, кажувај, ако знаеш! 5 Знаеш ли кој и ги одреди мерките и кој го оптегна измерувачкото јаже над неа? 6 На што и почиваат основите? Кој и постави крајаголен камен, 7 додека воскликнуваа утринските ѕвезди и извикуваа Божјите дворјани? 8 Кој го затвори морето со врати, кога заизвори од мајчиното крило, 9 кога го облеков со облак како со облека и кога го завиткав со густа магла како со пелени; 10 кога ја одредив неговата меѓа, ставив врати со лостови? 11 Дотаму, не подалеку, му реков нему, тука нека се крши гордоста на твоите бранови!” 12 Зар некогаш си му заповедал на утрото? Зар си и го покажал на зората нејзиното место, 13 да ја потфати земјата за рабовите и да ги истресе од неа сите безбожници, 14 да ја претвори во печатна глина и да ја обои како некаква облека? 15 Таа им ја одзема светлината на злосторниците и им ја крши кренатата тупаница. 16 Зар си проникнал до морските извори? Зар си одел некогаш по дното на бездната? 17 Зар ти ја покажаа вратата на смртта? Ги виде ли вратите на крајот на мртвите сенки? 18 Ги согледа ли пространствата на земјата? Зборувај, доколку го знаеш сè тоа. 19 Кои патишта водат во домот на светлината, на кое место престојуваат темнините, 20 за да ги одведеш во нивните краишта, за да им го покажеш патот кон нивниот стан? 21 Ти го знаеш тоа, па ти се роди одамна, бројот на твоите денови е многу голем! 22 Дали си стигнал до ризниците на снегот и зар ги виде засолништата на градот, 23 што ги запазив за деновите на неволјата, за време на крвав бој и војна? 24 По кој пат се дели молњата, кога распрснува искри по целата земја? 25 Кој го ископа подводниот ров, кој му го исчисти патот на грмежот 26 за да врне дожд врз ненаселено подрачје, врз пустината каде нема жива душа, 27 за да ја напои неплодната пустина, за да никне трева во степата? 28 Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата? 29 Од чие крило излегува мразот, кој ја создава сланата, што паѓа од небото? 30 Како се сцврстуваат водите како камен и како замрзнува површината на бездната? 31 Можеш ли да ја врзеш Плејадата со вериги и да ги разврзеш врските на Орион, 32 да ја изведеш Деницата во вистинско време, да ја водиш Мечката со нејзините млади? 33 Зар ги познаваш ти небесните закони, па да им доделиш ним сила на земјата? 34 Можеш ли да им извикаш на облаците, па да те послушаат поројните дождови? 35 Зар по твоја заповед летаат секавиците и зар ти се одѕиваат тебе: „Еве нè?” 36 Кој ја положи мудроста во човекот, кој му даде разум на срцето? 37 Кој ги пребројува мудро облаците и кој ги излева небесните мевови, 38 додека земјата не се згусти во тесто и додека не се залепат нејзините грутки? 39 Зар ти ќе и уловиш лов на лавицата или ќе го задоволиш гладот на лавчињата, 40 додека чекаат гладно на своето легло и дебнат на жртвата од засолништето? 41 Кој им набавува храна на гавраните кога неговите пилци пиштат кон Бога и летаат наоколу без храна?
1 Знаеш ли како се размножуваат дивите кози? Дали виде како се раѓаат кошутите? 2 Дали изброја колку месеци носат? Знаеш ли во кое доба се породуваат? 3 Наведнувајќи се, ги породуваат своите срнчиња и го растеретуваат бремето среде пустината, 4 а кога породот ќе им зајакне, растат во полето, го оставаат и не му се враќаат. 5 Кој му ја даде слободата на дивото осле и кој го симна оглавникот од неговата глава? 6 Пустината му ја дадов за родно место и солените полиња за да живее таму. 7 Тој му се потсмевнува на шумот на градовите и не ги слуша повиците на терачите. 8 Скита по ридовите, по своите пасишта, во потрага за секакво зеленило. 9 Можеш ли биволот да го направиш слуга, да го задржиш една ноќ во јаслите? 10 Можеш ли да го приковеш за браздата, за да го влече ралото по твоите бразди? 11 Можеш ли да се потпреш на него, зашто е преголема неговата сила и да му ја препуштиш својата тешка работа? 12 Дали мислиш дека ќе ти се врати и дека ќе ти дотера жито на гумното? 13 Нојот трепери радосно со своите крилја, иако се скудни крилјата и перјата. 14 Тој ги остава своите јајца на земјата, му ги доверува на песокот да ги грее, 15 не грижејќи се дека може да ги згази нога, или да ги згмечи некаков див ѕвер. 16 Постапува со нојчињата како со туѓи; тој не се грижи дека трудот му е напразен. 17 Зошто Бог го лиши него од памет, не му даде никаков разум. 18 Ама кога ќе се вивне нагоре, тогаш им се потсмева на коњот и коњаникот. 19 Зар ти му подари сила на коњот? Зар ти му го украси вратот со гривна? 20 Зар ти правиш да скока како скакулец, секого да натера во страв со р’жењето? 21 Весело ја раскопува земјата со копитото, храбро излегува против оружјето. 22 Му се потсмева на стравот, од ништо не се бои, не ќе се повлече ни пред меч. 23 На неговите задни страни ѕвечи торба со стрели, копјето светка и бојната сулица. 24 Бесен и нестрплив ги голта пространствата; кога ќе засвири рогот, кој ќе го задржи: 25 Тој за’ржува при секој звук на рогот: Вришти, ха! Веќе оддалеку тој го надушува лутиот бој, бојната викотница и извиците на војсководачите. 26 Зар по твојата промисла лета соколот и ги шири своите крилја кон југ? 27 Зар на твој налог се крева орелот и си свива гнездо врз височината? 28 Врз стрма карпа тој живее и ноќева, на планинските сртови на високите стрмнини. 29 Оттаму дебне втренчено на пленот, неговите очи гледаат далеку. 30 Неговите орлиња се хранат со крв; каде има убиени, таму е и тој.”
1 И Господ му се обрна на Јова и му рече: 2 Зар кудачот ќе се препира уште со Јакиот? Божјиот тужител нека одговори сам!” 3 А Јов Му одговори на Господа и рече: 4 ”Премногу сум мал: што да одговорам? Со мојата рака ќе ја затворам устата. 5 Реков збор - нема веќе да започнувам; реков два - ама нема да продолжам.” 6 Тогаш Господ му одговори на Јова од бурата и рече: 7 „Препаши го својот крст како јунак, Јас ќе те прашувам, а ти поучи Ме. 8 Зар сакаш да го изгазиш и мојот суд, да Ме обвиниш, за да се оправдаш себеси? 9 Зар твојата мишка ја има Божјата сила? Зар можеш да грмиш со гласот како Него? 10 Наметни се со сјај и величество, облечи се со достоинство и слава. 11 Избувни со гнев на жесток оган, понизи го гордиот со еден поглед. 12 Погледај го горделивецот, скрши го, сотри го наместо, секој злосторник. 13 Закопај ги сите нив, заедно, во земјата, затвори ги во мрачна темница. 14 Тогаш и Јас ќе ти дадам пофалба дека се ослободи со својата десница. 15 А сега, ете, разгледај го нилскиот коњ, се храни со трева како добиток, 16 ете, неговата сила е во бедрата, а јакоста му е во мишката на мевот. 17 Ја здрвува кренатата опашка како кедар, жилите му ги испреплетија сите бедра. 18 Неговите коски се железни цевки, неговите зглобови се глуждови од железо. 19 Тој е првенец на Божјото создавање, Творецот го вооружи со меч. 20 Планините му донесуваат данок во храна, и сите ѕверови што играат по нив. 21 Тој почива навален под лотосот, мочуришните трски и калта го кријат. 22 Лотосовите лисја му прават сенка, тој се лади под поточните врби. 23 Ако надојде реката, тој не се плаши: воопшто него не би го загрижило и целиот Јордан да затече во неговата уста. 24 Кој може да го фати за очите и кој може да му го прободе носот со стрела?
1 Зар ловиш левијатан (крокодил, морско чудовиште) со јадица? Зар ќе му го зауздаш јазикот со јаже? 2 Можеш ли да му ги прободеш носалките со трска, или да му ја пробиеш вилицата со кука? 3 Дали ќе те заколнува за милост? Дали ќе разговара благо со тебе? 4 И зар ќе склучи тој сојуз со тебе, за да ти биде слуга цел живот? 5 Можеш ли да се поиграш со него како со птица и да го врзеш, за да ги развеселиш ќерките? 6 Дали ќе се спогодуваат за него рибарите? Дали ќе го поделат трговците меѓу себе? 7 Можеш ли да му ја издупчиш кожата со копје, или да му ја пробиеш главата со сулици? 8 Крени ја својата рака на него: Подготви се за бој - ќе ти биде последен! 9 Напразно е да се негува надеж во него, човекот загинува веќе на неговиот поглед. 10 Нема јунак да го раздразни него, кој ќе му се спротиви во лице, 11 Кој ќе се судри со него и да остане жив? Нема таков човек под небесата. 12 Нема да ги премолчам неговите членови, ни големата сила, ни убавината ни ставата. 13 Кој смее да му ја соблече облеката, кој ли ќе проникне низ неговиот двоен оклоп? 14 Кој ќе му ги отвори двокрилните челусти кога стравот владее околу неговите заби? 15 Грбникот му е од лушпести штитови, запечатени со каменен печат. 16 Се прилепија едни до други така, што ни здив не минува меѓу нив. 17 Толку цврсто се залепени заедно: доближени сосема, не можат да се раздвојат 18 Кога ќе кивне, светлина блеска од него, очите му се како зорините веѓи. 19 Од неговата уста горат гламни, огнени искри се истуруваат од нив. 20 Дим излегува од неговите носалки, како од котел што врие врз оган. 21 Неговиот здив би запалил јаглења, зашто од неговата уста излегуваат пламени. 22 Во вратот му лежи сета негова сила, а пред него се простира ужас. 23 Кога ќе се исправи, затреперуваат брановите и се повлекуваат кон морската шир. 24 Срцето му е тврдо како пештера, отпорно како мелничен камен. 25 Свивањата на месото му се зарастени, цврсти се како да се слеани. 26 Ако го погоди меч, се одбива од него, исто и копјето, сулицата и стрелата. 27 Железото е како сламка за него, бронзата како гнило дрво. 28 Тој не се повлекува пред стрелите од лакот, камењата од каменофрлачот паѓаат како плева врз него. 29 Боздоганот е како сламче за него, му се смее на копјето кога, ќе засвири над него. 30 Остри черепници има на мевот и со нив ја оре тињата како со брана. 31 Под него водовртежот зоврува како грнец, го пени морето како мирисливото масло во котел. 32 Тој остава светла бразда зад себе, бело руно ја покрива бездната. 33 Не суштествува ништо слично на земјата, и ниту е некој толку бестрашен. 34 Тој гледа од високо и на најголемите цар му е на секого, и на најгорделивите.”
1 А Јов му одговори вака на Господа: 2 „Јас знам, Твојата моќ е безгранична: Што и ќе наумиш, можеш да го направиш тоа. 3 Кој е тој што со безумни зборови ја помрачува божествената промисла? Затоа зборував, но не разбирав, за чудесата што мене ми се несфатливи. 4 О послушај ме, остави ме да зборувам: Јас ќе Те прашувам, а Ти поучи ме. 5 Досега Те познавав само по слушање, но сега моите очи Те видоа. 6 Затоа, се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел.” 7 Кога Господ му ги изговори на Јова овие зборови, Тој му рече на Теманецот Елифаз: „Ти и твоите два пријатели го распаливте Мојот гнев, зашто не зборувавте за Мене така право, како Мојот слуга Јов, 8 Затоа, земете сега седум јунчиња и седум овни и отидете при Мојот слуга Јов, да принесете паленица за себе, а Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас. Ќе имам обѕир кон него, и нема да ви сторам ништо лошо, зашто не зборувавте за Мене онака право, како Мојот слуга Јов.” 9 Тогаш отидоа Елифаз од Теман, Валдад од Сава и Софар од Наам и направија како што им заповеда Господ. И Господ погледна кон Јова. 10 И Господ го врати Јова во поранешната состојба, зашто се застапи за своите пријатели, па му го удвои она што го имаше. 11 Тогаш му се вратија на Јова сите негови браќа и сите негови сестри, и сите поранешни познати, па јадеа леб со него, во неговата куќа, жалејќи го и утешувајќи го заради сите неволји што Господ ги испрати на него. Секој му подари по еден сребреник и по еден златен прстен. 12 Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната. Стадата му броеја четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада двојки волови и илјада ослици. 13 Имаше седум синови и три ќерки. 14 На првата и го даде името Емима, на втората Касија, а на третата Керен-Апух. 15 Во целиот тој крај немаше жени толку убави како Јововите ќерки. И таткото им даде еднакво наследство како и на нивните браќа. 16 После тоа Јов доживеа сто и четириесет години и ги виде своите деца и децата на своите деца до четвртото поколение. 17 Потоа Јов умре, стар, и сит од животот.
1 Блажен е човекот кој не оди по советот на нечесните, и не стои на патот на грешниците, и не седи во седиштето на потсмевачите; 2 туку волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе: 3 Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сè што прави, во сè успева. 4 Нечесните не се такви, тие се како плева што ветерот ја разнесува. 5 Затоа нечесните нема да се одржат на суд, ниту грешниците во собранието на праведните. 6 Зашто Господ го знае патот на праведните; а патот на нечесните ќе пропадне.
1 Зошто се бунат народите, зошто племињата замислуваат суети? 2 Земските цареви стануваат и кнезовите се собираат против Господа и против Неговиот Помазаник: 3 „Да ги скинеме нивните окови и да го отфрлиме нивниот јарем.” 4 Оној, што живее на небесата, им се смее, Господ им се потсмевнува. 5 Тогаш ќе им рече во Својот гнев, и со Својата јарост ќе ги збуни: 6 „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора.” 7 „Ја објавувам Господовата одлука: Тој ми рече: *Ти си Мој Син, Јас те родив денес. 8 Побарај од Мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост. 9 Ќе владееш со нив со железен жезал и ќе ги скршиш како грнчарски сад.*” 10 Вразумете се сега, вие цареви; научете се земски судии! 11 Служете Му на Господа со страв, радувајте Му се со трепет. 12 Целувајте Го Синот, за да не се разгневи и да не загинете патем, зашто скоро ќе пламне Неговиот гнев. Блажени се сите кои се засолнуваат при Него!
1 Господи! Колку многу се моите противници, колку многу се креваат против мене! 2 Мнозина се што зборуваат за мојата душа: „Нема за него спасение при Бога!” 3 Сепак, Господи, Ти си мој штит, моја слава, Ти ми ја воздигна главата. 4 Со глас извикав кон Господа и Тој ме послуша од Својата Света Гора. 5 Јас легнувам, спијам и се разбудувам, зашто Господ ме чува. 6 Не се плашам од десетици илјади луѓе, што се нафрлаат на мене од сите страни. 7 Стани, о Господи спаси ме, о мој Боже! Ти ги удираш по образи сите мои непријатели, им ги кршиш забите на нечесните. 8 Спасението е во Бога: Твојот благослов е над Твојот народ.
1 Кога викам послушај ме, Боже на мојата правда, Ти што ме избави од тесно: смилувај ми се и послушај ја мојата молитва! 2 Човечки синови, до кога ќе ја обрнувате Мојата Слава во срам? До кога ќе ја љубите суетата и ќе ги барате лагите? 3 Но знајте: Господ го одделил за себе Својот пријател; Господ слуша кога викам кон Него. 4 Треперете и не грешете; размислувајте во срцата, на вашите легла, и молкнете. 5 Принесете жртви на правда и надевајте се на Господа! 6 Мнозина зборуваат: „Кој ќе ни покаже што е добро?” Господи, осветли нè со светлината на Твоето лице! 7 Ми даде радост во моето срце поголема од нивната, кога им се раѓа изобилно жито и вино. 8 Спокојно ќе легнам, и ќе заспијам зашто само Ти, Господи, ми даваш да живеам во безбедност.
1 На хоров началник, со дувачки свирки. Давидов псалм. О Господи, послушај ги моите зборови, земи ги во обѕир моите размислувања. 2 Чуј го гласот на моето викање, Царе мој и Боже мој, зашто Тебе Ти се молам! 3 Наутро го слушаш мојот глас; о Господи! Наутро ја испраќам мојата молитва кон Тебе и чекам. 4 Зашто Ти си Бог, Кому не Му е мило беззаконието; нечесниот нема да живее при Тебе; 5 ниту гордите ќе се одржат пред Твоите очи, Ти ги мразиш сите што прават беззаконие. 6 Ќе ги истребиш оние, кои зборуваат лага; Господ се гнаси од човек крвопиец и измамник. 7 А јас ќе влезам во Твојот дом, по Твојата голема милост; ќе се поклонам пред Твојот свет Храм, полн со почитување кон Тебе. 8 Господи! води ме во Својата правда, заради моите непријатели; израмни го Твојот пат пред мене. 9 Зашто нема искреност во нивните усти, срцето им е полно со нечесност; нивното грло е отворен гроб, а со јазикот ласкаат. 10 Боже, сметај ги за виновни! Нека паднат во тоа што самите го скроиле; истерај ги заради нивните бројни престапи, зашто се побунија против Тебе. 11 И ќе се веселат сите, кои се надеваат на Тебе; секогаш ќе се радуваат, зашто Ти си им покровител; и ќе ликуваат во Тебе оние, кои го љубат Твоето Име. 12 Зашто, Господи, Ти го благословуваш праведникот; го заштитуваш, со Својата милост, како со штит.
1 На пејачкиот началник, со осум-жичена свирка. Давидов псалм. Господи, не ме изобличувај во Својата лутина, ниту ме казнувај во Својот гнев. 2 Смилувај ми се, Господи, зашто сум изнемоштен, Господи, исцели ме, зашто моите коски треперат. 3 Исто и мојата душа е силно потресена; а Ти Господи до кога? 4 Врати се, Господи, избави ми ја душата; спаси ме заради Твојата милост, 5 зашто во смртта не спомнуваат за Тебе; кој ќе Те слави во Подземјето? 6 Се заморив од своите воздишки; секоја ноќ ја залевам со плачење својата постела; со солзи го натопувам своето легло. 7 Моето око гасне и слабее од жалост, зашто се многу моите непријатели. 8 Отстапете од мене сите, што правите беззаконие зашто Господ го чу мојот плач. 9 Господ ја чу мојата молба; Господ ја прими мојата молитва! 10 Нека се засрамат и нека се збунат сите мои непријатели; нека се вратат назад, нека се засрамат веднаш!
1 Давидова тажачка, што Му ја испеа на Господа поради зборовите на Венијаминецот Хус. Господи, Боже мој! Се надевам во Тебе спаси ме од сите мои гонители и избави ме; 2 да не ми ја истргаат душата како лав, што раскинува, без да се најде избавител. 3 Господи, Боже мој! Ако јас го направив тоа, ако има неправда во моите раце, 4 ако му вратив со зло на оној, што беше во мир со мене; или го ограбив оној, кој ме гони без причина; 5 тогаш нека непријателот ја подгони мојата душа и нека ја стигне; и нека го згази животот мој на земјата, и ја повали мојата чест во прашина. 6 Стани, Господи, во Својот гнев; крени се против јароста на моите противници, и разбуди се заради мене, Ти, Кој го одреди судот. 7 И нека собраните народи Те опкружат; врати се на високо, над нив. 8 Господ им суди на народите! Суди ми и мене, Господи, според мојата правда, и според мојата чесност во мене. 9 Нека прекрати беззаконието на нечесните, помогни му на праведникот. Ти, праведен Боже, Кој ги испитуваш срцата и внатрешноста. 10 Мојата заштита е во Бога, Кој ги избавува оние, што се прави во срцето. 11 Бог е праведен Судија, и Бог, Кој се гневи секојдневно на безбожниците. 12 Ако не се обрати, Тој ќе го наостри Својот меч, ќе го оптегне и ќе го приготви Својот лак. 13 Тој приготвил против нив смртоносни оружја, ги прави огнени Своите стрели. 14 Ете, злотворот зачна неправда, заноси нечесност и роди измама. 15 Ископа ров и го продлабочи; и падна во јамата, што ја ископа. 16 Неговата нечесност ќе се врати врз неговата глава и неговото насилство ќе падне на неговото теме. 17 А јас ќе Го фалам Господа заради Неговата правда и ќе му пеам на Името на Сèвишниот Господ.
1 На пејачкиот началник, со гетска свирка. Давидов псалм. Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја; Ти ја подигна Твојата Слава над небесата. 2 Од устата на малите деца и на доилчињата, Си зацврсти сила заради Твоите непријатели, за да ги натераш да молкнат: врагот и одмаздникот. 3 Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти; месечината и ѕвездите што си ги поставил: 4 Што е човекот за да си спомнуваш за него? Или човечкиот син за да го посетуваш? 5 А Ти го направи само малку подолен од ангелите и го овенча со слава и чест. 6 Го постави за господар над делата на Своите раце; сè му потчини под неговите нозе: 7 сите овци и говеда, и полските ѕверови кон тоа; 8 небесните птици и морските риби и сè што поминува по морските патишта. 9 Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја.
1 За пејачкиот началник, според напевот: „Умри за синот!” Давидов псалм. Ќе Те славам, Господи, со целото свое срце; ќе ги раскажувам сите Твои чудесни дела! 2 Ќе се радувам и ќе се веселам во Тебе, ќе Му пеам на Твоето Име, Сèвишни! 3 Моите непријатели се вратија назад, паднаа и загинаа пред Твоето лице. 4 Зашто Ти ги заштити моето право и моето дело, Ти седна на престолот и пресуди праведно: 5 ги изобличи народите, ги истреби нечесните, им го избриша името, за вечни векови. 6 Непријателите исчезнаа - запустени засекогаш; Ти им ги разурна градовите - и споменот им го снема. 7 Но Господ царува секогаш, го подготви Својот престол за судење. 8 И ќе му суди на целиот свет со правда, ќе ги осуди народите справедливо. 9 Господ е засолниште на угнетуваните, тврдина на спасението во тешки денови. 10 Во Тебе се надеваат оние, кои го знаат Твоето Име, зашто не ги оставаш оние, кои Те барат Господи! 11 Пејте Му на Господа, Кој живее на Сион, разгласете ги Неговите дела меѓу народите; 12 зашто си спомнува за нив како одмаздникот за крв, и не го заборава викањето на бедните. 13 Смилуј ми се Господи: погледај на моето страдање од моите непријатели; Ти, Кој ме избавуваш од вратите на смртта; 14 за да ги навестувам сите Твои пофалби во вратите на Сионовата ќерка, за да се радувам поради Твојата спасителна помош. 15 Народите паднаа во јамата, што сами ја ископаа; стапицата што ја ставија тајно, ја фати нивната нога. 16 Го познаа Господа - Тој судеше; грешникот се заплетка во сопствените дела. 17 Безбожниците ќе се вратат во подземјето, сите народи што Го забораваат Бога. 18 Зашто бедниот нема да биде заборавен засекогаш; ниту ќе биде изгубена засекогаш надежта на оние во неволја. 19 Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека бидат осудени пред Тебе! 20 Господи, пушти страв на нив, нека познаат народите дека се луѓе.
1 Зошто, Господи, стоиш далеку, зошто се криеш во време на неволја? 2 Од гордоста на нечесните се измачуваат бедните; нека се фатат во сплетките што ги замислија. 3 Безбожникот се фали со желбите на својата душа; среброљубецот се одречува од Господа и Го презира. 4 Безбожникот вели во својата гордост: не, нема истраги! Па нема ни Бог! Такво е неговото мислење. 5 Неговите патишта секогаш се опаки; на Твоите судови тој и не мисли; ги презира сите свои противници. 6 Во своето срце вели: „Нема да се расколебам! Нема да бидам несреќен - од род во род.” 7 Устата му е полна со клетви, итрини и измами, под неговиот јазик има злоба и гибел. 8 Седи во заседа, покрај оградите во селата, потајно го убива невиниот, со очите го демне бедниот. 9 Седи во засолниште, како лав во пештера, демне да го ограби сиромашниот и да го вовлече во својата мрежа. 10 Се притајува, прилегнува, и беспомошните паѓаат под неговата сила. 11 Во своето срце вели: „Бог заборави, го крие Своето лице и нема да види никого.” 12 Стани, Господи Боже, крени ја Својата рака! Не заборавај ги бедните! 13 Зошто безбожникот Го презира Бога? Тој вели во своето срце: „Нема да води истрага.” 14 Ти виде, зашто ги гледаш неправдите и маките, и ги мериш во раката. Бедниот Ти се доверува Тебе, Ти си му помошник на сирачето. 15 Сотри му ја мишката на нечестивиот, и на злотворот, казни му го лукавството, за да не биде повеќе. 16 Господ е Цар, секогаш, низ вековите, ќе ги снема народите од Неговата земја. 17 Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; зајакни им ги срцата; отвори го Своето уво: 18 да го заштитиш правото на сирачето и угнетуваниот, така што човекот, кој е од земја, да не застрашува веќе.
1 На пејачкиот началник. Давидов псалм. Се надевам на Господа! Зошто тогаш и велите на мојата душа: „Одлетај во гората, како птица!” 2 Бидејќи, ете, нечесните го оптегнаа лакот, ги запнаа стрелите за тетивите, за да ги застрелаат, во темнина, оние, што се со право срце. 3 Кога се расипани основите, што ќе прави праведникот? 4 Господ е во Својот свет Храм; Господовиот престол е на небесата. Неговите очи гледаат, Неговите трепки ги испитуваат човечките синови. 5 Господ ги испитува: праведниот и неправедниот, од дното на душата го мрази силникот. 6 Ќе излее жар и сулфур врз грешниците, огнен ветер ќе им биде дел од нивната чаша. 7 Зашто Праведниот Бог ја љуби правдата; праведникот ќе го гледа Неговото лице.
1 За началник на пејачи. На свирка со осум жици. Давидов псалм. Помогни, Господи, зашто ги снема побожните, нема повеќе верност меѓу луѓето. 2 Секој го лаже својот ближен, зборуваат со лажливи усни и со дволично срце. 3 Ќе ги истреби Господ сите лажливи усни, и јазикот што зборува горделиви нешта, 4 тие, кои велат: „Јазикот е наша сила, нашите усни се наши; кој е господар над нас?” 5 Господ говори: „Сега ќе станам, заради страдањата на угнетуваните и заради воздишките на бедните; и ќе го поставам во безопасност за која копнее.” 6 Господовите слова се чисти зборови, како сребро претопено во земјана печка, пречистено седумпати. 7 Господи, Ти ќе ги заштитуваш, ќе чуваш секого од нив, од овој род довека. 8 Нечесните одат наоколу, кога расипаните се издигаат меѓу синовите човечки.
1 На пејачкиот началник. Давидов псалм. До кога, Господи, ќе ме забораваш сосем? До кога ќе го криеш Своето лице од мене? 2 До кога ќе слагам совети во мојата душа, тага во срцето секој ден? До кога ќе се издига мојот непријател над мене? 3 Погледни, послушај ме, Господи, Боже мој! Просветли ги моите очи за да не заспијам во смрт; 4 За да не рече мојот непријател: „Го надвив!” Да не се радуваат моите противници, кога ќе се поколебам. 5 Јас се надевам на Твојата милост; моето срце ќе се радува во Твоето спасение. 6 Ќе Му пеам на Господа, Кој ме награди.
1 Безумникот рече во своето срце: „Нема Бог!” Се расипаа; нивните дела се гнасни нема кој да прави добро. 2 Господ гледа од небесата на човечките синови за да види дали има некој разумен: кој да Го бара Бога. 3 Сите свртија заедно, сите се расипаа; нема кој да прави добро, нема ниеден. 4 Зар нема да се вразумат сите, кои беззаконуваат, кои ги голтаат Моите луѓе како да јадат леб? И не Го повикуваат Господа? 5 Таму ќе затреперат од голем страв, зашто Бог е во праведно поколение. 6 Ги засрамивте намерите на бедниот; но Господ е негово прибежиште. 7 О, нека дојде од Сион, спасението на Израел! Кога Господ ќе ги врати заробениците од Својот народ, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израел.
1 Давидов псалм. Господи, кој може да живее во Твојот шатор? Кој ќе се настани во Твојата Света Гора? 2 Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце; 3 кој не клевети со својот јазик, кој не му прави зло на ближниот и не го срамоти својот сосед. 4 Кој го презира лукавиот, а ги почитува оние, кои се бојат од Господа; кој се заколнува на своја штета, па не се одречува; 5 кој не го дава своето сребро за добивка и не прима поткуп против невиниот. Кој постапува така, нема да се колеба никогаш!
1 Давидова песна. Пази ме, Боже, зашто се надевам на Тебе. 2 Му реков на Господа: „Ти си мој Господ; нема блаженство без Тебе.” 3 Во светите на земјата и во избраните, во нив е сета моја радост! 4 Ќе се умножат жалостите на оние, кои следат туѓи богови; нема да ги принесам нивните крвни приливи, ниту со својата уста ќе ги земам нивните имиња. 5 Господ е дел на моето наследство и мојата чаша. Ти го запазуваш моето достоинство. 6 Мојот дел зафати пријатни места; да, добив прекрасно наследство! 7 Го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па и ноќе моето срце ме советува. 8 Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам. 9 Затоа ми се зарадува срцето и се развесели мојата слава, а моето тело се одмора во надеж. 10 Зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш твојот светец да види гниење. 11 Ќе ми го покажеш патот на животот, во Твоето присуство има полнота на радоста, десно од Тебе - вечно блаженство.
1 Давидова молитва. Послушај ја, Господи, правдата, чуј го мојот глас, услиши ја мојата молитва од искрени усни! 2 Од Тебе нека ми дојде пресудата, Твоите очи гледаат што е справедливо. 3 Испитај го моето срце, посети ме ноќе, искушај ме, но нема да најдеш ништо; мојата уста не згреши. 4 Како што грешат луѓето: според зборовите на Твојата уста, се сочував од патиштата на насилниците. 5 Моите стапки ги држаа Твоите патишта, не се лизнаа моите нозе. 6 Кон Тебе викам, Боже, зашто Ти ќе ме послушаш! Наведни го Твоето уво кон мене и чуј ги моите зборови. 7 Прослави ја врз мене Твојата милост, о Спасителу, Ти Кој ги спасуваш, оние што се надеваат на Твојата десница, од оние што се креваат против нив. 8 Пази ме како зеница на окото, засолни ме во сенката на Своите крила, 9 од злотворите што се нафрлаат врз мене. Од непријателите на мојата душа, што ме опкружуваат. 10 Го затворија своето срце и со устата зборуваат гордо. 11 Нивните чекори сега ме опкружуваат; сакаат да ме кутнат на земја. 12 Тие се како лав што сака да раскине и како лавче што дебне потајно. 13 Стани, Господи, пресретни го и кутни го, со Својот меч спаси го мојот живот од нечесниот, 14 а со Својата рака, Господи, од луѓето, од луѓето на овој свет, чиј дел е овој живот; чиј желудник го полниш со Своите богатства, така што и нивните синови ќе бидат сити, а остатокот ќе им остане на нивните внуци. 15 А јас ќе го гледам Твоето лице во правда, и еднаш кога ќе се разбудам, ќе се наситам од Твојот изглед.
1 На пејачкиот началник. Од Господовиот слуга Давид, кој му ја испеа оваа песна, кога Господ го избави од рацете на сите негови непријатели и од рацете на Саула. Тој рече: Те љубам, Господи, тврдино моја! 2 Господи, карпо моја, крепост моја, спасение мое; Боже мој, карпо моја, во Кого барам прибежиште, штит мој, рог на моето спасение, тврдино моја! 3 Ќе Го повикам Господа, Кој е предостоен за фалба и ќе бидам избавен од непријателите. 4 Брановите на смртта ме опкружија, и порои од лоши луѓе ме исплашија. 5 Јажињата на Подземјето ме изврзаа, смртоносните примки ме стегнаа: 6 Во својата неволја Го повикав Господа, и извикав кон својот Бог. Тој го чу мојот повик, од Својот храм, и моето викање стигна до Неговите уши. 7 Тогаш земјата се стресе и се растрепери, се разнишаа основите на планините, се раздвижија, зашто Тој се разгневи. 8 Од Неговите ноздри се крена дим, а од Неговата уста оган, што голта; јаглења се распалија од Него. 9 Тој ги наведна небесата и слезе, и мрак беше под Неговите нозе. 10 Седна врз херув и летна; леташе врз крилјата на ветерот. 11 Ја направи темнината Свое тајно засолниште, се покри со темните води и со густите облаци. 12 Од светкање пред Него, низ Неговите облаци удрија град и огнени јаглења. 13 Господ загрме од небото, Сèвишниот го даде Својот глас: град и огнени јаглења. 14 Ги прати своите стрели и ги распрсна, и ги расфрли секавиците; 15 тогаш се покажаа морските дна, основите на вселената се открија, од Твојата закана, Господи, од дувањето на здивот на Твојот гнев. 16 Ја испружи Својата рака од небото и ме подзеде, ме извлече од големи води. 17 Ме избави од силниот непријател, од оние што ме мразеа, зашто беа посилни од мене. 18 Станаа против мене во денот на мојата неволја, но Господ ми стана поткрепа. 19 Ме изведе на широко место, ме избави зашто му бев мил. 20 Господ ми даде според мојата праведност; ме награди според чистотата на моите раце; 21 зашто ги запазив Господовите патишта и не се оддалечив од својот Бог. 22 Сите Негови закони се пред мене, не ги отфрлив Неговите заповеди, 23 бев непорочен пред Него и се чував од своето беззаконие. 24 Затоа Господ ми врати според мојата правда, според чистотата на моите раце пред Неговите очи. 25 Со милостивиот, Ти си милостив, на чесниот со чесност му враќаш; 26 со чистиот Ти си чист, а со развратниот Ти си спротивен од него; 27 зашто Ти ги спасуваш нажалените луѓе, а ги понизуваш гордите очи. 28 Ти ја запалуваш мојата светлина, Господи мој Боже, Ти ја осветлуваш мојата темнина: 29 Зашто преку Тебе го разбивам полкот, со мојот Бог прескокнувам преку ѕид. 30 Божјиот пат е совршен; Божјото слово е испитано. Тој е штит на сите, кои се надеваат на Него. 31 Зашто кој е Бог освен Господ? кој е Карпа освен нашиот Бог? 32 Бог, кој ме препашува со сила и го прави совршен мојот пат; 33 ми даде брзи нозе како на елените и ме постави на моите височини, 34 ми ги учи рацете за бој, така што моите мишки оптегнуваат бронзен лак. 35 Ти ми го даваш штитот на Своето спасение, Твојата десница ме поддржува, а Твојата благост ме возвеличува. 36 Ти го шириш мојот чекор, под мене, така што моите нозе не се сопнуваат. 37 Ги гонев своите непријатели и ги стигнав и не се вратив додека не ги истребив. 38 Ги поразувам и не можат да се кренат, паднаа под моите нозе. 39 Зашто Ти ме препаша со сила за бој; ги отстрани пред мене, оние што стануваат против мене. 40 Ти направи моите непријатели да ми го вртат грбот, за да ги истребам оние што ме мразат. 41 Тие викаат, но нема избавител, кон Господа, но Тој не ги слуша. 42 Тогаш ги ситнев како прав пред ветерот, ги газев како кал по улиците. 43 Ти ме избави од народната буна, ме постави главатар на народите; ми служи народ што не го познавав. 44 Штом чуја за мене, тие ме послушаа, ми се покоруваат туѓинци. 45 Туѓинците ослабеа, треперејќи излегуваат од своите тврдини. 46 Жив е Господ! Благословена да е мојата Карпа! Нека се возвиси Бог на моето спасение! 47 Бог, Кој одмаздува за мене, и ми ги покорува народите. 48 Кој ме избавува од моите непријатели! Ме издига над оние што стануваат против мене, ме спасува од насилниците. 49 Затоа ќе Те славам, Господи, среде народите и ќе му пеам на Твоето име: 50 Славно го избавуваш Твојот цар и му искажуваш милост на Твојот помазаник, на Давида и на неговото потомство довека.
1 За пејачкиот началник. Давидов псалм. Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце. 2 Денот на ден му го објавува тоа, а ноќта на ноќ и соопштува. 3 Нема говор ни јазик, каде не ќе се чуе нивниот глас. 4 Нивната вест се рашири по целата земја, а нивните зборови до крајот на вселената. Таму, за сонцето Тој оптегнува шатор, 5 кое излегува како младоженец од својата ложница, се радува како јунак кога ја претрчува патеката. 6 Излегува од небесниот крај и обиколува до крајот; и ништо не се крие од неговата топлина. 7 Господовиот Закон е совршен - ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно - му дава мудрост на неукиот; 8 Господовите повелби се праведни - го веселат срцето; Господовата заповед е светла - ги просветлува очите; 9 Стравот од Господа е чист - останува довека; Господовите судови се вистински - сите се еднакво праведни; 10 Поскапоцени се од златото, од чистото злато; Послатки се од медот, послатки од капките на медовата пита. 11 Твојот слуга е предупреден од нив, кој ги чува има голема награда. 12 Но, кој ги сознава своите погрешки? Очисти ме од тајните прегрешувања! 13 Запази го Својот слуга од гордоста, да не завладее со мене. Тогаш ќе бидам непорочен, чист од голем грев. 14 Зборовите на мојата уста и размислувањата на моето срце, нека бидат угодни пред Тебе, Господи, Тврдино моја и Избавителу мој.
1 За пејачки началник. Давидов псалм. Господ да те послуша во тежок ден, Името на Јакововиот Бог да те штити! 2 Да ти испрати помош од Светилиштето, и да те поткрепува од Сион! 3 Да си спомни за сите твои приноси, и да ја прими твојата паленица! 4 Да ти даде според желбата на твоето срце, и да ги исполни сите твои намери! 5 Ќе се радуваме за твоето спасение, во името на нашиот Бог ќе ги дигнеме знамињата. Господ да ги исполни сите твои молби! 6 Сега знам дека Господ го избавува Својот помазаник, го слуша од Своето свето небо, со спасителна сила на Својата десница. 7 Едни се фалат со бојните коли, други со коњите; но ние во Името на Господа, нашиот Бог! 8 Тие се сопнуваат и паѓаат, а ние станавме и стоиме. 9 Господи, подари му победа на царот, послушај нè во денот кога ќе Те повикаме.
1 За пејачки началник. Давидов псалм. Господи, царот се весели со Твојата сила, колку му е голема радоста дека Ти спасуваш! 2 Ти ја исполни желбата на неговото срце и не ја одби молитвата на неговите усни. 3 Зашто Ти го пресретна со благослови на добрината, врз главата му стави круна од чисто злато. 4 Тој Те молеше за живот, и Ти му даде премногу дни - за вечни векови. 5 Со Твојата помош, неговата слава е голема, го украси со чест и величество. 6 Зашто Ти го направи благословен довека, го развесели со радоста на Своето лице. 7 Навистина, царот се надева на Господа, и заради благоста на Сèвишниот нема да се колеба. 8 Твојата рака ќе ги најде сите Твои непријатели, Твојата десница ќе ги најде оние што Те мразат! 9 Ќе ги направиш како вжарена печка, во времето на Твојата лутина! Господ ќе ги сотре со гнев и огнот ќе ги голтне! 10 Ќе го сотреш нивниот плод од земјата и нивното потомство помеѓу човечките чеда. 11 Зашто, намислија зло против Тебе, подготвија заговор и не можеа да го исполнат. 12 Затоа Ти ќе ги натераш да го свртат грбот, и Својот лак ќе го насочиш кон нивното лице. 13 Стани, Господи, со Својата сила! Ние ќе пееме и ќе ја славиме Твојата сила.
1 За хоровиот началник, според „Кошута во зора.” Давидов псалм. Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? Далеку си од моето спасение, од зборовите на моето офкање. 2 Боже мој, викам дење, но не одговараш; и ноќе но немам мир. 3 Но Ти си Свет, Надеж Израелева! 4 Нашите татковци се надеваа на Тебе, се надеваа и Ти ги избави; 5 кон Тебе викаа и се спасуваа, на Тебе се надеваа и не се засрамија. 6 А јас сум црв, а не човек, срам за луѓето и презрен од народот. 7 Сите што ме гледаат, ми се потсмеваат, ги растегат усните, мавтаат со главата и велат: 8 „Тој се надева на Господа, нека го избави; нека го спаси, ако го милува!” 9 Но, Ти ме извади од утробата, Ти ме смири врз мајчините гради. 10 Тебе сум Ти оставен од моето раѓање, од мајчиното крило Ти си мој Бог. 11 Не се оддалечувај од мене, зашто е близу неволјата, а нема никој да ми помогне. 12 Ме опколија многубројни јунци, васански бикови ме опкружија. 13 Своите усти ги отворија на мене, како лав што го раскинува пленот и рика. 14 Се разлеав како вода, ми се разглобија сите коски; моето срце стана како восок, се растопи во мене. 15 Мојата сила се исуши како црепна, и мојот јазик се залепи до непцето; Ти ме фрли во смртниот прав. 16 Кучињата ме опколија; лукав народ ме опкружи. Ги прободија моите раце и моите нозе. 17 Можам да ги пребројам сите свои коски, а тие ме гледаат и ме презираат. 18 Ги поделија моите облеки меѓу себе, и жрепка фрлаа за мојата облека. 19 Но, Ти, Господи, да не се оддалечиш, о моја сило, побрзај ми на помош! 20 Избави ја мојата душа од меч, единствената моја душа - од силата на кучето. 21 Спаси ме од устата на лавот, и од биволските рогови. Ти ме послуша! 22 Ќе го проповедам Твоето име на моите браќа, ќе Те фалам среде собранието. 23 Вие кои се боите од Бога, фалете Го! Славете Го сите од Јакововиот род! Бојте се од Него сите Израелеви потомци! 24 Зашто не го презре ниту ја заборави тагата на натажениот, и не го скри Своето лице од него, туку го чу, кога Го повика. 25 Затоа ќе Те фалам во големото собрание, ќе ги исполнам своите завети пред оние кои се плашат од Него. 26 Бедните ќе јадат и ќе се наситат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат: вашето срце нека живее довека! 27 Ќе си спомнат и ќе се обратат кон Господа сите земни краишта; и пред Него ќе се поклонуваат сите племиња на народите. 28 Зашто Царството е Господово, Тој е владетел над народите. 29 Сите богати на земјата ќе јадат и ќе почитуваат; пред Него ќе се поклонат сите, што слегуваат во правта, а што не можат да ја запазат својата душа во живот. 30 Потомството ќе Му служи Нему. Ќе му се раскажува за Господа на идното поколение. 31 Ќе дојдат и ќе им раскажуваат за Неговата правда, на луѓето кои ќе се родат: „Господ го направи ова!”
1 Давидов псалм. Господ е Пастир мој; ништо нема да ми недостасува, 2 На зелени пасишта Тој ми дава починка; При тивки води - ме води. 3 Ја освежува мојата душа, ме води по патеките на правдата, поради Своето име. 4 Ако тргнам и низ долината на смртната сенка, нема да се уплашам од злото, зашто Ти си со мене. Твојот жезал и Твојата палка ме утешуваат. 5 Приготвуваш трпеза пред мене, пред погледот на моите непријатели. Ја помаза мојата глава со масло, мојата чаша се прелева. 6 Навистина, благоста и милоста ќе ме следат, низ сите денови на мојот живот. И јас ќе престојувам во Господовиот дом засекогаш.
1 Давидов псалм. Господова е земјата и сè што е на неа, светот и сите кои живеат во него. 2 Зашто Тој го основа над морињата и го зацврсти над реките. 3 Кој ќе се искачи на Господовата Гора, кој ќе застане на Неговото свето место? 4 Оној, кој има чисти раце и невино срце; кој не и ја предаде својата душа на суетата и кој не се заколнува лажно. 5 Тој прима благослов од Господа, и правда од Бога, својот Спасител. 6 Такво е поколението на оние, што Го бараат Него, што го бараат лицето на Јакововиот Бог. 7 Поткренете ги врати своите надвратници, кренете се вечни порти, да влезе Царот на Славата! 8 Кој е тој Цар на Славата? моќниот и силниот Господ, Господ силен во бој! 9 Поткренете ги врати вашите надвратници, кренете се вечни порти, да влезе Царот на Славата! 10 Кој е тој Цар на Славата!? Господ над Воинствата - Тој е Цар на Славата!
1 Давидов псалм. Кон Тебе, Господи, ја подигам мојата душа. 2 На Тебе се надевам, Боже мој; не оставај да се засрамам, за да не се веселат над мене, моите непријатели. 3 Навистина, нема да се засрамат оние, кои се надеваат на Тебе; ќе се засрамат оние, кои изневеруваат без причина. 4 Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки! 5 Води ме во Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден. 6 Спомни си, Господи, за Твојата верност и за Твојата љубов довека. 7 Не спомнувај си за гревовите на мојата младост, за моите престапи; спомни си за мене, о Господи! според Твојата љубов и заради Твојата благост! 8 Господ е благ и праведен: затоа ќе им покаже пат на грешниците. 9 Тој ги води кротките во правда, ги научува кротките на Својот пат. 10 Сите Господови патишта се милост и вистина, за оние кои ги чуваат Неговиот Завет и Неговите сведоштва. 11 Господи, заради Твоето име, прости ми го гревот, зашто е голем. 12 Кој е човекот, кој се бои од Господа? Него, Тој ќе го поучи кој пат да избере. 13 Неговата душа ќе живее спокојно, а неговото семе ќе ја наследи земјата. 14 Господ е близу до оние, кои се бојат од Него, и ќе им го покаже Својот Завет. 15 Моите очи се насочени секогаш кон Господа, зашто Тој ги извлекува моите нозе од мрежата. 16 Погледај ме и смилувај ми се, зашто сум осамен и натажен. 17 Тагите ма моето срце, се умножени, избави ме од моите јадови! 18 Види ги мојата неволја и мака и прости ми ги сите гревови. 19 Погледај ги моите врагови: колку се многу и со каква жестока омраза ме мразат. 20 Чувај ја мојата душа и спаси ме: не оставај да се засрамам, зашто се надевам на Тебе. 21 Невиноста и чесноста нека ме пазат, зашто се надевам на Тебе! 22 Господи, избави го Израел, од сите негови беди.
1 Давидов псалм. Суди ме, Господи, зашто одев во својата невиност; и се надевам на Господа и нема да се поколебам. 2 Испитај ме, Господи, и искушај ме, испитај ми ги бубрезите и срцето. 3 Зашто Твојата милост е пред моите очи, и одам во Твојата вистина. 4 Јас не седам со нечесни луѓе и не се навраќам кај подмолните. 5 Го мразам друштвото на злосторниците и не седнувам со безбожниците. 6 Ги мијам своите раце во невиноста и го обиколувам Твојот жртвеник, Господи, 7 да ја разгласам јавно Твојата фалба и да раскажам за сите Твои прекрасни дела. 8 О, Господи, го љубам домот во кој престојуваш и местото каде е населена Твојата слава. 9 Не ми ја погубувај душата со грешниците, ниту мојот живот со крвопијците; 10 злочинот е во нивните раце, а десницата им е полна со поткупи. 11 А јас одам во својата невиност, избави ме и смилувај ми се! 12 Мојата нога стои на прав пат: ќе го благословувам Господа во собранијата.
1 Давидов псалм (Пред помазаник). Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Господ е штит на мојот живот, пред кого да треперам? 2 Кога ќе се доближат до мене злосторниците, моите противници и непријатели, за да ми ја изедат снагата, тие се сопнуваат и паѓаат. 3 Ако војска се крене против мене, моето срце не се бои; ако избувне и војна против мене, и тогаш сум полн со надеж. 4 За едно Му се молам на Господа, само тоа го барам: Да живеам во Господовиот дом, во текот на сите дни на мојот живот; да уживам во Господовата убавина, и да истражувам во Неговиот Храм. 5 Тој ме засолнува во Својот шатор, во зол ден; ме крие во скрилница на Својот шатор, Тој ме издига на карпа. 6 И сега ја кревам главата над непријателите што ме опкружуваат. Ќе принесувам радосни жртви во Неговиот шатор, ќе пеам и ќе се радувам во Господа. 7 О, Господи, слушај го мојот глас кога викам, биди ми милостив и услиши ме! 8 Моето срце зборува: „Барај го Моето лице!” Да, го барам Твоето лице, Господи. 9 Не го криј Твоето лице од мене! Не отфрлај го во гнев Твојот слуга! Ти, помош моја, не ме отфрлај! И не оставај ме, Боже, Спасителу мој! 10 Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими. 11 Научи ме, Господи, на Својот пат, поведи ме по рамна патека, заради моите противници. 12 Не ме предавај на бесот на моите непријатели, зашто лажни сведоци станаа против мене, кои дишат со насилство. 13 Верувам дека ќе ги уживам Господовите добрини во земјата на живите. 14 Надевај се на Господа, охрабри се! Нека биде цврсто твоето срце! Да, чекај Го Господа!
1 Давидов псалм. Кон Тебе викам Господи, Карпо моја, не замолкнувај кон мене: да не би ако замолкнеш, бидам како оние што влегуваат во гроб. 2 Послушај го мојот глас, кога викам кон Тебе, додека ми се кренати рацете кон Твоето Светилиште. 3 Не погубувај ме со нечесните и со оние што прават беззаконие, кои зборуваат мирно со своите ближни, а во срцето им е злоба. 4 Дај им според нивните дела и според нечесноста на нивните постапки! Плати им според делата на нивните раце, врати им според нивните заслуги! 5 Зашто тие не внимаваат на Господовите дејства, ниту на делата на Неговите раце: нека ги разурне и повеќе нема да ги изгради! 6 Благословен да е Господ, зашто го послуша гласот на моите молитви! 7 Господ ми е сила, Тој е мој штит; моето срце се надеваше на Него и Тој ми помогна; затоа ми се весели срцето и со песни ќе Го славам. 8 Господ е сила на Својот народ, тврдина на спасението за Својот помазаник. 9 Спаси го Својот народ и благослови го Своето наследство; паси ги и носи ги довека.
1 Давидов псалм. (При завршување на Празник) Дајте Му на Господа, о Божји синови, дајте Му на Господа слава и сила! 2 Дајте Му ја на Господа славата на Неговото име, поклонете Му се на Господа во светата убавина! 3 Господовиот глас е над водите, Бог на славата грми, Господ е над многу води! 4 Господовиот глас е силен, Господовиот глас е величествен. 5 Господовиот глас ги крши кедрите, Господ ги крши ливанските кедри. 6 И скокаат од Него: Ливан како теле, а Сирион како младо биволче! 7 Господовиот глас цепи пламени секавици, 8 Господовиот глас ја растресува пустината, Господ ја растресува пустината Кадис. 9 Господовиот глас прави кошутите да се осрнат, и ги разголува горите; и во храмот Негов секој вели: „Слава!” 10 Господ царува над водните бранови, Господ седи на престолот како Цар засекогаш! 11 Господ му дава сила на Својот народ, Господ го благословува Својот народ со мир.
1 Псалм; песна при обнова на Домот Давидов. Ќе Те возвишам Господи, зашто ме издигна и не ги остави моите непријатели да се радуваат над мене. 2 Господи, Боже мој, Те повикав и Ти ме исцели; 3 Господи, ја извади мојата душа од Подземјето и ме оживеа на работ на гробот. 4 Пејте Му на Господа, Негови избраници, и восфалете Го Неговото свето име! 5 Зашто Неговиот гнев трае само еден миг, а Неговата добрина - цел живот. Плачот доаѓа навечер, а радоста наутро. 6 И јас реков во својата среќа: „Никогаш нема да се поколебам!” 7 О Господи, со Својата добрина, Ти ме постави на гората на надежта, но штом ќе го скриеш Твоето лице, целиот се уплашувам. 8 Тогаш, Господи, извикав кон Тебе, и Го помолив Господа: 9 „Каква полза од мојата крв, каква корист ако слезам в гроб? Зар правта ќе те слави и ќе ја проповеда Твојата вистина?” 10 Послушај Господи, и смилувај ми се; Господи, биди ми помошник! 11 Го обрна мојот плач во играње, ја симна од мене вреќата и ме препаша со радост. 12 Затоа мојата душа Ти пее и нема да молкне: Господи, Боже мој, Ќе Те фалам довека!
1 За првиот певец. Давидов псалм.(Во време на неволја) На Тебе се надевам, Господи, да не се засрамам никогаш: Избави ме според Својата правда! 2 Приклони го кон мене Своето уво, побрзај да ме ослободиш! Биди ми цврста карпа на заштитата, тврдина на спасението. 3 Зашто Ти си моја карпа, моја тврдина, заради Твоето име води ме и управувај ме. 4 Извлечи ме од мрежата што ми ја поставија тајно, зашто Ти си моја крепост. 5 Во Твојата рака го предавам мојот дух; Ти ме откупи, Господи, Боже на вистината. 6 Ги мразам оние што ги почитуваат суетните идоли, а јас се надевам на Господа. 7 Ќе се радувам и ќе се веселам во Твојата милост; зашто Ти ја виде мојата неволја, ја позна тагата на мојата душа 8 и не ме предаде во рацете на непријателите, ги изведе моите нозе на широк пат. 9 Смили ми се, Господи, зашто сум на тесно, од тага ми слабеат окото, душата и телото. 10 Мојот живот се троши во горчила, а моите години во воздишки. Силата ми се исцрпи во мака, а моите коски изнемоштеа. 11 На сите свои противници им станав понижување, за потсмев на своите соседи и страшило за познатите; кои ме гледаа надвор, бегаа од мене. 12 Бев заборавен во срцето, како покојник, станав скршен сад. 13 Слушам шепотење на мнозина, ужас отсекаде: се договараат против мене и смислуваат како да ми го одземат животот. 14 А јас, Господи, на Тебе се надевам, велам: „Ти си мој Бог!” 15 Моите денови се во Твојата рака: избави ме од раката на моите непријатели и од оние кои ме гонат. 16 Нека светне Твоето лице на Твојот слуга, спаси ме со Твојата милост. 17 Господи, да не се засрамам дека Те повикав; нека се засрамат нечесните; нека молкнат во Подземјето. 18 Нека онемат лажливите усни, што против праведникот зборуваат дрско, горделиво и презирно. 19 О колку е голема Твојата добрина, што ја чуваш за оние, кои се бојат од Тебе, што им ја укажуваш на оние, кои се надеваат на Тебе, пред очите на човечките чеда. 20 Ги засолнуваш под штитот на Своето лице од човечките завери; ги криеш во Својот шатор од зајадливи јазици. 21 Благословен да е Господ, зашто ми ја јави својата чудесна милост, во утврдениот град. 22 Веќе помислував, во својата тревога: „Отфрлен сум од Твојот поглед.” Но Ти го чу гласот на мојата молба, кога Те повикав. 23 Љубете Го Господа сите Негови свети; Господ ги чува Своите верни, а според заслугата им враќа на оние, кои постапуваат гордо. 24 Бидете храбри и Тој ќе ви ги укрепи срцата, сите, кои се надевате на Господа!
1 Давидов псалм. Учење. Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени. 2 Блазе на човекот кому Господ не му го припишува гревот и во чиј дух нема измама! 3 Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден. 4 Дење и ноќе, Твојата рака тежеше врз мене, мојата животна влага се претвори во летен припек. 5 Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: „Ќе му го признам на Господа својот престап,” и Ти ми ја прости вината на мојот грев. 6 Затоа нека ти се моли секој побожник, кога можеш да бидеш најден; и тогаш потопот на многуте води нема да стигне до него. 7 Ти си мое прибежиште, Ти ќе ме запазиш од тага, ќе ме опкружиш со радоста на спасението. 8 „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе. 9 Не бидете како коњ или мазга без разум; чија дивина ја скротуваш со оглавник и узда, инаку не би се приближиле до тебе!” 10 Безбожникот го измачуваат многу неволји, а кој се надева на Господа, него милост го опкружува. 11 Веселете се во Господа и радувајте се, праведници, викајте радосно сите кои сте со право срце.
1 Давидов псалм. Радувајте се праведници во Господа! на праведните им личи да Го прославуваат. 2 Славете Го Господа со харфа, величајте Го на псалтир со десет жици! 3 Запејте Му нова песна, со гласни извици придружувајте ги складните свирки. 4 Зашто Господовото Слово е право, и сите Негови дела се вистина. 5 Тој ги љуби правдата и правосудството, полна е земјата со Господовата милост. 6 Господовото Слово ги создаде небесата, и здивот на Неговата уста: целото нивно воинство. 7 Тој ја собира морската вода како во мев, и ги става бездните во сокровиште. 8 Нека се бои целата земја пред Господа, нека се бојат од Него сите жители на вселената! 9 Зашто Тој рече - и сè стана, нареди - и сè се утврди. 10 Господ ги осуетува намерите на народите, ги прави некорисни мислите на племињата, 11 Господовиот наум останува довека, и мислите на Неговото срце од род до род. 12 Блазе му на оној народ кому Господ е Бог, на народот што го избра за Свое наследство. 13 Господ набљудува од небесата и ги гледа сите човечки синови. 14 Од местото на Своето Живеалиште ги гледа сите жители на земјата; 15 Тој им ги создаде срцата на сите и внимава на сите нивни дела. 16 Многубројна војска не го спасува царот, голема сила не го спасува јунакот. 17 Празна е надежта за спасение на коњ, неговата јачина не избавува. 18 Ете, Господовото око е над оние кои се бојат од Него, над оние, кои се надеваат на Неговата милост: 19 дека ќе ја спаси нивната душа од смрт, и дека ќе ги храни во денови на глад. 20 Нашата душа се надева на Господа, Тој ни е помош и наш штит. 21 Наштето срце се радува во Него, ние се надеваме на Неговото свето име. 22 Нека Твојата милост, о Господи, биде над нас, според тоа како се надеваме на Тебе.
1 Давидов псалм. Кога тој се престори безумен пред Авимелех, кој го истера па така се оддалечи. Ќе Го благословувам Господа во секое време, Неговата пофала секогаш ќе ми биде во устата! 2 Мојата душа ќе се фали со Господа: нека го чујат тоа скромните и нека се радуваат! 3 Величајте Го Господа со мене, заедно да Го возвишиме Неговото име! 4 Го барав Господа и Тој ме послуша, ме избави од сите мои стравови. 5 Погледнаа во Него и им светна пред очите, и не ќе се засрамат лицата нивни! 6 Бедниот вика, и Господ го чу, го избави од сите негови неволји. 7 Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува. 8 Вкусете и видете колку е добар Господ: блажен е човекот, кој се надева на Него! 9 Бојте се од Господа, вие Негови свети, зашто нема скудност за оние што се бојат од Него. 10 Младите лавови трпат беда и гладуваат, а кои Го бараат Господа не трпат оскудица. 11 Дојдете, чеда, и послушајте ме, ќе ве научам на страв од Господа. 12 О, човеку! љубиш ли го животот? Сакаш ли многу денови, за да видиш добро? 13 Воздржувај го својот јазик од зло и своите усни од лажно зборување! 14 Отстранувај се од злото и прави добро, барај мир и врви по него! 15 Господовите очи ги гледаат праведните, Неговите уши го слушаат нивниот вик. 16 Господовото лице се свртува против злосторниците, за да им го сотре споменот на земјата. 17 Праведниците викаат, а Господ ги слуша, ги избавува од сите нивни беди. 18 Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух. 19 Праведникот има многу неволји, но Господ го избавува од сите. 20 Тој ги чува сите негови коски, ниту една од нив нема да му се скрши. 21 Злото ќе го убие безбожникот, ќе платат тие што го мразат праведникот. 22 Господ ја избавува душата на Своите слуги и ниеден, од оние што се надеваат на Него, нема да биде осуден.
1 Давидов псалм. Господи! Опкружи ги моите обвинители и војувај против оние, кои војуваат против мене! 2 Стави оклоп, земи го Твојот штит и стани да ми помогнеш! 3 Замавтај со копјето и пресретни ги моите гонители, Речи и на мојата душа: „Јас сум твое спасение.” 4 Нека се збунат и посрамат оние, кои ја бараат мојата душа, нека се повлечат и збунат оние, кои мислат зло! 5 Нека бидат како плева на ветер, кога Господовиот ангел ќе ги спотера! 6 Мрачни и лизгави нека им бидат патиштата, кога Господовиот ангел ќе ги гони! 7 Зашто без причина ми оптегнаа мрежа; без причина ископаа гроб за мојата душа. 8 Гибелта ќе ги стигне одненадеж, и сами ќе се фатат во мрежата што ја оптегнаа; ќе паднат во јамата што ја ископаа! 9 А мојата душа ќе се весели во Господа, ќе се радува во Неговото спасение. 10 Сите мои коски ќе речат: „Господи кој е како Тебе, Кој го спасуваш бедникот од силникот, бедникот и сиромашниот од ограбувачот?” 11 Неправедни сведоци станаа: ме прашуваат за она што не знам. 12 Ми враќаат зло за добро, мојата душа запаѓа во осаменост. 13 А јас носев вреќиште, кога тие беа болни ја измачував својата душа со пост, и молитвата ми се враќаше во пазувата. 14 Обиколував тажен, како за пријател, за брат, од тага се наведнав, како оној што жали за мајката. 15 А сега кога се сопнав јас, тие се радуваат, се собраа против мене, за да удрат одненадеж, и непрекратно ме растргнуваат. 16 Со нечесните и потсмешливи безработници, чкртаат со забите на мене. 17 О, Господи! До кога ќе гледаш? Избави ми ја душата од нивните напади, одземи им го на лавовите единственото мое добро! 18 Ќе Ти благодарам во големо собрание, ќе Те славам меѓу многубројни луѓе. 19 Нека не се радуваат над мене неправедните непријатели, нека не намигнуваат со очите оние, што ме мразат без причина. 20 Зашто тие не мислат за мир, туку измислуваат сплетки против мирните во земјата. 21 Широко ги отвораат устите против мене и зборуваат: „Добро, добро, видовме со свои очи!” 22 Господи, Ти гледаш сè! Не премолчувај! Господи, не оддалечувај се од мене! 23 Тргни се, стани да ме одбраниш, Боже мој, Господи, води ја мојата парница. 24 Суди ме Господи, Боже мој, според Твојата правда, нека не се радуваат над мене. 25 Нека не мислат во срцето: „Ни се исполни желбата!” ниту да речат: „Го проголтавме!” 26 Нека се посрамат и засрамат сите заедно, кои се радуваат на мојата несреќа! Нека се облечат во срам и срамење, оние што се креваат против мене! 27 Нека викаат радосно, кои ја посакуваат мојата правда, и нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен! Кој му посакува благодат на Својот слуга! 28 А мојот јазик ќе раскажува за Твојата правда и за Твојата фала, секој ден.
1 За пејачки началник. Од Господовиот слуга Давид. Грешна замисла е во срцето на злосторникот, нема страв од Бога пред неговите очи. 2 Самиот си ласка во своите очи, додека не му се открие неговото беззаконие и го намрази. 3 Зборовите на неговата уста се измама и злодело, тој не се грижи повеќе за разумноста и доброто. 4 Смислува беззаконие на својата постела, останува на лош пат, не го мрази злото. 5 Господи, Твојата добрина е до небото, Твојата верност до облаците. 6 Твојата правда е како Божји врвови, Твоите судови како длабоко море; луѓе и животни избавуваш Ти, О Господи. 7 Колку е скапоцена Твојата милост, О Боже! Луѓето се засолнуваат под сенката на Твоите крилја. 8 Се наситуваат со мрсно во Твојот дом, Ти ги напојуваш од реката на Твоите сладости. 9 Во Тебе е изворот на животот, со Твојата светлина ние ја гледаме светлината. 10 Закрили ги со Својата милост сите, кои Те почитуваат, и со Својата праведност сите, кои имаат чисто срце. 11 Нека не ме згази ногата на гордиот и нека не ме гони раката на грешниот. 12 Таму паднаа, кои прават беззаконие, соборени се, и не ќе можат повеќе да станат.
1 Давидов псалм. Не се лути на злосторниците, ниту им завиди на оние што прават беззаконие. 2 Се сушат брзо како трева, венеат брзо како зелено растение. 3 Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината. 4 Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце! 5 Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сè. 6 Твојата правда ќе блесне како светлина и твојот суд како пладне. 7 Смири се пред Господа и надевај се на Него, не дразни се заради оној, кој напредува на својот пат, заради човекот кој кове подлост. 8 Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло. 9 Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата. 10 Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. 11 Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир. 12 Безбожникот му смислува зло на праведникот и со забите чкрта на него. 13 А Господ му се смее, зашто гледа дека доаѓа неговиот ден. 14 Безбожниците истргнуваат меч и оптегнуваат лакови, за да ги оборат немоќните и бедните, да ги заколат оние, што одат по прав пат. 15 Со мечот ќе го прободат сопственото срце, ќе се скршат нивните лакови. 16 Подобро е и малку на праведникот, отколку големо благо на многу безбожници. 17 Зашто рацете на злотворот ќе се скршат, а Господ е поткрепа на праведникот. 18 Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека. 19 Нема да се засрамат во време на неволја, ќе бидат сити во дните на глад. 20 А безбожниците ќе пропаднат, Господовите врагови ќе овенат како цвеќе по ливаѓето, ќе се расплинат како дим. 21 Безбожникот заема но не враќа, праведникот се сожалува и дава. 22 Оние кои Господ ќе ги благослови, ќе ја наследат земјата, а кои ќе ги проколне, ќе бидат истребени. 23 Господ ги води и зацврстува чекорите на добриот човек, и мил Му е неговиот пат. 24 И ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака. 25 Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб. 26 Секогаш е милостив и дава на заем, благослов е врз неговото потомство. 27 Отстранувај се од злото и прави добро и ќе останеш довека. 28 Зашто Господ ја љуби правдата и Своите свети не ги остава. Засекогаш ќе бидат сочувани, ќе биде истребено потомството на безбожниците. 29 Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа. 30 Праведниковата уста кажува мудрост, а неговиот јазик говори право. 31 Божјиот закон му е во срцето, неговите чекори не се колебаат. 32 Грешникот го демне праведникот и бара да го убие; 33 но Господ нема да го остави во негова власт и не ќе допушти да го осудат на суд. 34 Надевај се на Господа и држи се за Неговиот пат; Тој ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните. 35 Видов бесен злосторник, како се шири како разгранчен кедар. 36 Поминав и ете - го нема веќе; го побарав, и не го најдов. 37 Набљудувај го чесниот и гледај го непорочниот; миротворецот има потомство. 38 А сите грешници ќе бидат откорнати, ќе биде истребено злочинечкото семе. 39 Од Господа доаѓа спасение на праведните, Тој им е засолниште во лоши времиња. 40 Господ им помага, Тој ги избавува: Тој ќе ги избави од нечесните и ќе ги спаси, зашто кај Него бараат прибежиште.
1 Давидов псалм. Господи, не ме изобличувај во Твојата јарост и не ме казнувај во Твојот гнев. 2 Твоите стрели се закачија во мене, Твојата рака ме притисна тешко. 3 На моето тело нема ништо здраво заради Твојот гнев, од моите гревови нема мир за моите коски. 4 Зашто беззаконијата на мојата глава ме надвишија, ме притиснуваат како претешко бреме. 5 Моите рани смрдат и гнојат заради мојата безумност. 6 Се згрбавив и се собрав, постојано скитам натажен. 7 Зашто мојата внатрешност гори, и нема здравје во телото мое. 8 Исцрпен сум и сосем сотрен, офкам од плачот на моето срце. 9 О, Господи, сите мои желби се пред Тебе, и моите повици не Ти се скриени. 10 Моето срце удира силно, силата ме остава, и гасне светлината на очниот вид. 11 Пријателите и другарите се отстранија од моите рани, и моите најблиски стојат далеку. 12 Ми поставуваат стапици, оние кои ми го дебнат животот, кои ми сакаат несреќа, ми се закануваат со пропаст и секогаш смислуваат измама. 13 А јас сум како глув и ништо не слушам и како нем, уста не отворам. 14 Станав како човек што не слуша и кој нема одговор во устата. 15 Зашто, о, Господи, на Тебе се надевам, Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој! 16 Зашто реков: „Нека не се радуваат над мене; кога ногата ќе ми се сопне, нека не се креваат над мене!” 17 Зашто не пропаднав за малку, и мојата болка секогаш е пред мене. 18 Јас ги признавам своите беззаконија, и полн сум со жалост заради својот грев. 19 А кои се против мене, без причина силни се, и мнозина се што ме мразат неправедно. 20 За добро ми враќаат со зло, ми се противат дека го барам доброто. 21 О Господи, не ме оставај! Боже мој, не оддалечувај се од мене! 22 Побрзај ми на помош, Господи, Спасителу мој!
1 За началник на пејачи: Једутун. Давидов псалм. Одлучив: „Ќе го чувам мојот пат, за да не згрешам со јазикот; ќе ја зауздам мојата уста, додека е нечестивиот пред мене!” 2 Онемев, замолкнав, не пуштав глас дури и од доброто - болката ми стана погорчлива. 3 Срцето пламна во мене, при сама помисла избувнуваше оган; тогаш проговорив со мојот јазик! 4 Кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите денови, за да знам колку сум ништожен. 5 Ете, со педа ми ги измери деновите, и векот мој е како ништо пред Тебе; вистина, секој човек што стои цврсто е суета. 6 Човекот поминува како сенка, суета е сето негово богатство, збира, а не знае кој ќе го земе! 7 А сега, на што да се надевам, Господи? Мојата надеж е во Тебе! 8 Избави ме од сите мои беззаконија, не оставај да му бидам за потсмев на безумниот! 9 Молчам и не ја отворам устата, зашто Ти направи така! 10 Отстрани го од мене Твојот бич, зашто издивнувам под тежината на Твојата рака. 11 Ти го поправаш човекот со казна, и сè што му е најмило го расипуваш како молец; навистина, секој човек е суетен. 12 Послушај ја, о Господи, мојата молитва, послушај ги моите повици, не премолчувај на моите солзи! Зашто сум придојденец кај Тебе, како сите мои татковци. 13 Сврти го погледот од мене, да здивнам, пред да заминам и да ме нема.
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Јас се надевав цврсто во Господа, и Тој се наведна кон мене и го послуша мојот повик. 2 И ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори. 3 Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа. 4 Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа, и не е склон кон горделивите, ниту кон оние што отстапуваат лажно. 5 О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни - Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, Но премногу се за да можат да бидат преброени. 6 Не Ти се мили ни жртвите ни приносите, туку ми ги отвори ушите; не бараш паленица ни покајнички принос. 7 Тогаш реков: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене; 8 мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.” 9 Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни; о Господи, сè Ти е познато. 10 Нема да ја кријам Твојата правда во срцето, ќе раскажувам за Твојата верност и за Твоето спасение. Нема да ги тајам ни Твојата добрина, ни Твојата вистина во големото собрание. 11 А Ти, о Господи, не ми ја скратувај Твојата добрина; Твојата милост и Твојата вистина нека ме чуваат секогаш. 12 Зашто ме опкружија безбројни зла, моите беззаконија ме стигнаа, така што не можам да гледам; ги има повеќе од влакната на мојата глава, и затоа моето срце се онемошти. 13 Господи, благоволи да ме избавиш; Господи, побрзај да ми помогнеш! 14 Нека се засрамат и нека се збунат сите, што ја бараат гибелта на мојата душа. Нека се повлечат и нека се посрамат, оние, кои се радуваат на мојата несреќа! 15 Нека се скаменат во својот срам, оние, кои ми велат: „ха, ха!” 16 Нека се радуваат и нека се веселат во Тебе, сите, кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен!” Сите, кои го љубат Твоето спасение. 17 Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител; о Боже мој, не задоцнувај!
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Блазе му на оној кој мисли на бедниот, Господ ќе го спаси во ден на неволја! 2 Господ ќе го штити и ќе го запази жив, ќе му даде среќа на земјата, и нема да го предаде на волјата на непријателите. 3 Господ ќе го поткрепи на леглото при болест, болеста ќе му ја сврти во сила. 4 Јас реков: „Господи, смилувај ми се, исцели ми ја душата, зашто згрешив!” 5 Непријателите зборуваат зло за мене: „Кога ќе умре и кога ќе му го снема името?” 6 И ако дојде некој да ме посети, зборува со ласкање, собира злоба во своето срце, а надвор клевети. 7 Сите што ме мразат, шептат заедно за мене, измислуваат зло против мене: 8 „Лоша болест го кутна,” или: „Кога еднаш ќе легне, нема да стане.” 9 А и мојот пријател, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена петицата против мене. 10 Но Ти, Господи, смили ми се и крени ме, за да можам да им вратам. 11 По тоа ќе знам дека сум ти мил: бидејќи мојот непријател не ќе се весели над мене. 12 А мене ќе ме запазиш во мојата чесност, и ќе ме ставиш пред Твоето лице довека. 13 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, од века до век! Така нека биде! Амин!
1 За началникот на пејачите. Учење за Кореевите синови. Како што кошутата жеднее за изворните води, така мојата душа копнее по Тебе, Господи. 2 Жедна е мојата душа за Бога, за живиот Бог: О кога ќе дојдам и кога ќе го гледам Божјото лице? 3 Солзите ми се храна дење и ноќе, додека тие постојано ме прашуваат: „Каде е Твојот Бог?” 4 Мојата душа се излева кога си спомнувам: како чекорев во мноштвото, предводувајќи ги кон Божјиот дом, со глас на радост и песни во свечена врвулица. 5 Зошто си ми, душо изнемоштена и зошто си жалосна во мене? Надевај се на Бога, зашто пак ќе Го славам моето спасение, мојот Бог! 6 Душата тагува во мене, затоа си спомнувам за Тебе, од земјата Јордан и Ермон, од гората Мисар. 7 Бездната повикува бездна со шумот на Твоите водопади; сите Твои води и бранови поминаа преку мене. 8 Дење, нека ми ја додели Господ Својата милост, а ноќе, ќе Го фалам, со молитвена песна, Бога на мојот живот. 9 Ќе му речам на Бога: „Стено моја, зошто ме забораваш? зошто обиколувам нажален, притиснат од непријателите?” 10 Коските ми се кршат од подигравката на непријателите, додека тие постојано ме прашуваат: „Каде е твојот Бог?” 11 Зошто си ми душо изнемоштена и зошто си жалосна во мене? Надевај се на Бога зашто пак ќе го славам мојот Спасител, мојот Бог!
1 Боже! Суди ме право, и заштити го моето дело против нечесен народ. Избави ме од лукав и неправеден човек! 2 Зашто, Ти си Боже, моја крепост; зошто ме отфрлаш? Зошто одам натажен, притиснат од непријателите? 3 Испрати ги Својата светлина и вистина: нека ме водат нека ме одведат во Твојата Света Гора, во Твоите живеалишта. 4 Тогаш ќе му пристапам на Божјиот жртвеник, при Бога - моја величествена радост. Со псалтир ќе Те славам, Боже, О Боже мој! 5 Зошто си истоштена душо моја, и зошто липаш во мене? Надевај се на Бога, зашто пак ќе Го славам: мојот Спасител, својот Бог!
1 За началникот на пејачите. Учење за Кореевите синови. Боже, со своите уши слушавме, нашите татковци ни раскажуваа, за делото што го направи во нивните дни, во стари времиња. 2 Со Својата рака ги протера многубошците, а нив ги посади, ги откорна народите, а нив ги рашири. 3 Со нивниот меч тие не ја зазедоа земјата, ниту нивната мишка им донесе победа, туку Твојата десница и Твојата мишка, и светлоста на Твоето лице, зашто ги љубеше. 4 Ти, о мој Царе и Боже мој, Ти му даде победа на Јакова. 5 Преку Тебе ги одбивме нашите непријатели, во Твоето име ги згазивме оние, што се кренаа против нас. 6 Не се надевав на својот лак, ниту мојот меч ме спасуваше. 7 Туку, Ти, Ти нè избави од непријателите, Ти ги засрами оние што нè мразат. 8 Се фалевме со Бога во секое доба и Твоето име го славевме секогаш. 9 А сега нè отфрли и нè засрами, и повеќе не излегуваш, Боже со нашите чети. 10 Ти остави да се повлечеме пред непријателите, и нè ограбија нашите мразители. 11 Нè даде како овци за колење, и нè растури меѓу народите. 12 Го продаде Својот народ за ништо, и не се збогати со продажбата. 13 Нè направи за срам меѓу нашите соседи, смеа и играчка за оние околу нас. 14 Засрамени сме меѓу народите, народите кимнуваат со главата над нас. 15 Мојата срамота секогаш ми е пред очите, и срамот ми го покрива лицето. 16 Заради навредливата врева на подбивачите, заради осветољубивите непријатели. 17 Сè тоа нè снајде иако не Те заборавивме, ниту го изневеривме Твојот Завет, 18 ниту нашето срце се одметна од Тебе, ниту нашата нога се отстрани од Твојот пат, 19 кога нè раздроби во престојувалиштето на шакалите и нè завитка со смртен мрак. 20 Ако го заборавиме името на нашиот Бог, ако ги кренавме рацете кон туѓ бог, 21 зар Бог не би научил за тоа? Зашто Тој ги знае тајните на срцето! 22 Но заради Тебе нè убиваат ден по ден, и ние сме им како овци за колење. 23 Разбуди се! Зошто спиеш Господи? Стани! Не отфрлај нè довека! 24 Зошто го криеш Своето лице, ги забораваш нашата беда и неволја? 25 Зашто нашата душа се распадна во прав, утробата ни се долепи до земјата. 26 Стани, помогни ни, избави нè заради Твојата љубов.
1 За началникот на пејачите. На Шошан. Поука за Кореевите синови. Љубовна песна. Прекрасни зборови извираат од моето срце: својата песна му ја пејам на царот, јазикот ми е како трска на брзописецот. 2 Убав си, најкрасен меѓу човечките синови, милина ти се разлева по усните, заради тоа Бог нека те благослови довека. 3 Препаши меч на своето бедро, јунаку, наметни се со сјај и величество! 4 Јавни победнички во своето величие, заради вистината, кротоста и правдата, Твојата десница нека научува страшни нешта! 5 Остри се Твоите стрели, народи паѓаат пред Тебе, и царските непријатели ги напушта храброста. 6 Твојот престол, Боже, е до вечни векови, и праведен жезал - е жезал на Твоето Царство! 7 Ти ја љубиш правдата, а го мразиш беззаконието, заради тоа, Господ, Твојот Бог, Тебе Те помаза со масло на радоста, како никого од Твоите другари. 8 На смирна, алој и касија мирисаат твоите облеки, од дворците, од слонова коска, Те веселат псалтири. 9 Царските ќерки се меѓу твоите почесни, оддесно ти е царицата во офирско злато. 10 „Слушај ќерко, погледај, прислушни: заборави го својот народ и домот на татка си! 11 Ако ја посака царот твојата убавина, поклони му се скромно, зашто тој е твој господар. 12 Тирската ќерка доаѓа со дар, народните првенци ја бараат твојата наклонетост.” 13 Целата слава на царската ќерка е внатре, нејзините облеки се везени со злато. 14 Ја доведуваат при царот во облека со шарен вез, придружба и се девици - нејзините другарки. 15 Со веселба и радост ги доведуваат, влегуваат во царскиот дворец. 16 Твоите синови ќе ги наследат твоите татковци, ќе ги поставиш за кнезови на целата земја. 17 Од колено на колено ќе го навестуваат Твоето име, народите ќе Те фалат во вечни векови.
1 За началникот на пејачите. За Кореевите синови. Песна за Аламот. Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја. 2 Затоа не се плашиме кога земјата се лулее, кога бреговите се рушат во морето. 3 Нека бучат и беснеат морските бранови, нека треперат планините од нивната жестокост: 4 Реката и нејзините струи го веселат Божјиот Град, пресветиот шатор на Сèвишниот. 5 Бог е сред него, нема да се разлулее; Бог му помага од првите мугри. 6 И да беснеат народите, и да се распаѓаат царствата, штом Неговиот глас загрми, земјата се растопува: 7 Господ на Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина! 8 Дојдете, видете ги Господовите дела, какви чуда Тој направи на земјата: 9 Ги прекрати војните до крајот на земјата, ги крши лаковите и ги ломи копјата, ги изгорува колите со оган. 10 Молкнете и знајте дека Јас Сум Бог, возвишен над народите, возвишен над целата земја. 11 Господ на Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина!
1 За началникот на пејачите. За Кореевите синови. Псалм. Ракоплескајте сите народи, воскликнувајте Му на Бога со радосен глас. 2 Зашто тоа е Господ - Сèвишен, страшен, Велик Цар на целата земја. 3 Народите ни ги покори, ги стави народите под наши нозе, 4 ни го избра наследството - славата на Јакова, кого го возљуби. 5 Бог влегува, со воскликнување, Господ - со трубни звуци. 6 Пејте Му на Бога, пејте Му, пејте Му на нашиот Цар, пејте Му! 7 Зашто Тој е Цар на целата земја, пејте Му на Бога песни фалбени! 8 Бог царува над народите, Бог седи на Својот свет престол. 9 Народните првенци се прибраа како народот на Авраамовиот Бог. Божји се сите властодржци на земјата, Тој е возвишен над сите нив.
1 Песна. Псалм за Кореевите синови. Господ е величествен, предостоен за фала, во градот на нашиот Бог, Неговата Света Гора. 2 Величествениот рид, е радост на целата земја. Планината Сион на крајниот север, е град на великиот Цар. 3 Бог во нејзините дворци, се покажа како цврста тврдина. 4 Зашто, ете, царевите се сложија, нападнаа заеднички. 5 Штом видоа, се зачудија, и збунети почнаа да бегаат. 6 Таму ги опфати трепет, како болки на родилка, 7 како кога источниот ветер, ги крши тарсиските бродови. 8 Што чувме, сега гледаме: градот на Господа на Воинствата, градот на нашиот - Бог Бог го зацврстува довека. 9 Си спомнуваме Боже, за Твојата благост, среде Твојот Храм. 10 Како Твоето име, Боже, така и Твојата слава стигнуваат до крајот на земјата. Твојата десница е полна со правда. 11 Нека се весели Сионската Гора, нека се радуваат Јудините ќерки заради Твоите судови! 12 Обиколете го Сион и поминете преку него, пребројте ги неговите стражарници! 13 Погледајте ги добро неговите утврдувања; разгледајте ги неговите дворци: за да им раскажувате на идните поколенија; 14 Таков е Бог, нашиот Бог засекогаш и довека! Тој ќе не раководи дури до смрт!
1 За началникот на пејачи. За Кореевите синови. Псалм. Слушајте го ова, сите народи, чујте, сите жители на земјата, 2 вие, деца на народот, и вие високо поставени, богати и бедни заедно! 3 Мојата уста ќе зборува мудрост, и моето срце разумни мисли. 4 Ќе го наведнам увото кон поучна приказна, ќе ја изнесам својата гатанка со китара. 5 Зошто да се палашам во несреќни денови, кога ме опкружи злобата на предавниците, 6 кои се надеваат на својот имот и се фалат со големо богатство? 7 Човек не може никако да го откупи брата си, ниту да му даде на Бога откупнина: 8 цената на животот е превисока и никогаш не ќе ја плати, 9 за да може да живее довека и да не ја види гробната јама. 10 Зашто, и мудрите умираат, гинат и лудиот и безумниот; своите богатства им ги оставаат на други. 11 Во себе мислат; нивните куќи ќе останат засекогаш, нивните станови од колено до колено, иако ги наречуваат земјите со свои имиња. 12 Но човекот со сета своја слава не ќе трае. Сличен е на животните што гинат. 13 Таков е патот на оние што се надеваат напразно, таков е крајот на оние што уживаат во своите зборови. 14 Како стада се збираат во Подземјето, смртта им е пастир; а добрите ќе владеат над нив во утрото. Нивниот облик ќе биде уништен, Подземјето ќе им биде живеалиште. 15 А мојата душа Бог ќе ја истрга од кан?ите на Подземјето и ќе ме прими милостиво. 16 Не бој се ако некој се обогати, и ако се зголеми имотот на неговиот дом: 17 кога ќе умре, ништо не ќе земе со себеси и неговото благо нема да слезе со него. 18 Ако се сметаше за среќен во животот, ќе се зборува дека ти беше добро! 19 И тој ќе дојде во собранието на своите татковци, каде не ќе ја види повеќе светлината. 20 Човекот кој живее неразумно, сличен е на животните што гинат.
1 Асафов псалм. Бог над боговите, Господ, говори и ја вика земјата од изгрејсонце до зајдисонце. 2 Од прекрасниот Сион Бог заблиста: 3 нашиот Бог доаѓа и не молчи. Пред Него врви оган што проголтува, околу Него беснее силна бура. 4 Тој ги повикува одозгоре небесата и земјата, за да му суди на Својот народ: 5 Соберете ги Моите избраници кои со жртва склучија завет со Мене! 6 Небесата ја објавуваат Неговата праведност: Тој е Бог Судија! 7 „Слушај народе мој, Јас ќе зборувам, о Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас, Бог - твојот Бог! 8 Не те корам заради твоите жртви - твоите паленици се секогаш пред Мене. 9 Не ќе земам јунец од твојот дом, ни јарци од твоите трла: 10 зашто се Мои сите горски животни, илјади ѕверови по Моите ридишта. 11 Ги знам сите горски птици, Мое е сè што се движи по полињата. 12 Кога би огладнел не би ти рекол, зашто моја е земјата и сè што ја исполнува. 13 Зар јас да јадам биковско месо, или да пијам јаречка крв? 14 Принеси Му на Бога благодарна жртва, исполни ги своите завети на Сèвишниот! 15 И повикај ме во тежок ден: ќе те ослободам, а ти ќе Ме славиш.” 16 А на грешникот Бог му проговара: „Зошто ги толкуваш моите наредби, зошто го ставаш Мојот завет во твојата уста? 17 Ти, кому стегањето не му е пријатно, па моите зборови ги фрлаш зад плеќи? 18 Кога ќе видиш крадец, се побратимуваш со него и се дружиш со прељубници. 19 Својата уста му ја предаде на злото, а твојот јазик плете измами. 20 Во друштво зборуваш против брата си и го клеветиш синот на својата мајка. 21 Сè тоа го правеше, а Јас да молчам? Зар мислиш дека Јас Сум сличен на тебе? Ќе те изобличам и ќе ти го ставам сето тоа пред очи. 22 Сфатете го ова сите вие, кои го заборавивте Бога, да не ве грабнам, и никој не ќе ве избави. 23 Вистински Ме почитува оној што принесува благодарни жртви и на оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение.”
1 За началникот на пејачите. Давидов псалм. Кога пророкот Натан дојде при него, откако Давид беше при Витсавеа. Смили ми се Боже, според Твоето милосрдие, според големите помилувања избриши го моето беззаконие! 2 Измиј ме целиот од мојата вина, очисти ме од мојот грев. 3 Зашто го признавам своето беззаконие, мојот грев е секогаш пред мене. 4 Тебе, само Тебе, Ти згрешив и направив што е зло пред Тебе: ќе бидеш праведен кога ќе проговориш, кога ќе пресудиш без прекорување. 5 Еве, грешен сум веќе роден, во грев ме зачна мојата мајка. 6 Ете, Ти љубиш искрено срце, ме учиш на мудрост во длабочината на душата. 7 Пороси ме со босилек, за да се очистам, измиј ме и ќе бидам побел од снегот! 8 Дај ми да чујам радост и веселба, за да се зарадуваат скршените коски! 9 Заврти го лицето од моите гревови, избриши го сето мое беззаконие! 10 Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене! 11 Не ме отфрлај од Твоето лице и не одземај го Твојот Свет Дух од мене! 12 Врати ми ја радоста на Своето спасение и поткрепи ме со слободен дух! 13 Ќе ги научам беззакониците на Твоите патишта и грешниците ќе Ти се обратуваат. 14 Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже, Спасителе мој! Нека мојот јазик се зарадува за Твојата правда. 15 Господи, отвори ги моите усни, и мојата уста ќе ја разгласува Твојата фала. 16 Не Ти се мили жртви, кога би принесувал паленица, Ти не би ја примил. 17 Смирениот дух е жртва на Бога, нема да го презреш, Боже, понизното и покајничко, срце. 18 Биди му милостив на Сион со Својата добрина, и пак изгради ги ерусалимските ѕидови. 19 Тогаш ќе Ти бидат мили праведните жртви, приноси и паленици, и тогаш ќе бидат принесувани телиња на Твојот жртвеник.
1 За началникот на пејачите. Давидова поука, откако Идумеецот Доик дојде и откако му кажа на Саула, дека Давид влегол во домот на Ахимелех. Зошто се фалиш со злобата, силнику? Милоста Божја е довека! 2 Непрекратно измислуваш нечесност твојот јазик е како наточен брич, лукав! 3 Повеќе го сакаш злото отколку доброто, и лагата повеќе од вистината! 4 Ги сакаш гибелните зборови, лажлив јазику! 5 Затоа Бог ќе те сотре и тебе, ќе те отстрани засекогаш, ќе те истрга од твојот шатор, ќе те откорне од земјата на живите. 6 Праведните ќе гледаат со страв и ќе му се потсмевнуваат: 7 „Ете го човекот, кој не го зеде, Бога за своја заштита, туку се надеваше на големо богатство и се засили во своите злочини.” 8 А јас, како зелена маслина, во Божјиот Дом, се надевам на Божјата милост довека. 9 Ќе Те славам вечно бидејќи го направи тоа, и ќе го очекувам Твоето име, зашто е благо, пред Твоите свети.
1 За началникот на пејачите, на дувачка (свирка). Давидово учење. Безумникот рече во своето срце: „Нема Бог!” Расипаните прават гнасни беззаконија; никој не прави добро. 2 Бог гледа на човечките синови од небесата, да види има ли некој разумен да Го бара Бога. 3 Но, сите свртија заедно, сите се расипаа; никој не прави добро, нема ниеден. 4 Нема ли да се вразумат тие што прават беззаконие, кои го голтаат мојот народ како да јадат леб? Тие не Го повикуваат Бога. 5 Од страв ќе треперат, каде и страв нема, зашто Бог ќе ги распрсне коските на оние кои војуваат против тебе. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ги отфрли. 6 О, нека дојде од Сион спасението за Израел! Кога Бог ќе го врати од пленство Својот народ, ќе се радува Јаков, ќе се весели Израел.
1 За началникот на пејачите. На жичани свирки. Давидова поука, кога дојдоа Зифеите и му рекоа на Саула: „Не ли се крие Давид кај нас.” Спаси ме, Боже, со Твоето име, и со Твојата сила извојувај ми правда! 2 Послушај ја, Боже, мојата молитва, и сослушај ги зборовите на мојата уста! 3 Зашто туѓинци станаа против мене и силниците го бараат мојот живот: го немаат Бога пред себеси. 4 Ете, Бог ми помага, Господ го крепи мојот живот. 5 Ја свртува несреќата врз моите непријатели, истреби ги со Твојата вистина. 6 Радосно, од срце, ќе Ти принесам жртва, ќе Го фалам Твоето Име, Господи, зашто е благо; 7 зашто Ти ме избави од секоја мака, и моето око ги виде засрамени моите непријатели.
1 За началникот на пејачите, на жичани, инструменти. Давидово учење. Послушај ми ја Боже, молитвата, не криј се од мојата молитва: 2 Внимавај на мене и услиши ме! Се измачувам во својата тешкотија, 3 ме збуни викотницата на непријателите и грешничкото угнетување. Се нафрлија врз мене со беззаконие, бесно ме гонат. 4 Срцето ми трепери и смртен страв ме опфати. 5 Страв и трепет дојдоа на мене и ужас ме обзеде. 6 Извикав: „О да имав крилја гулабови, ќе одлетав и ќе се одморев! 7 Ете, би летал далеку, далеку, ќе се настанев во пустината; 8 бргу ќе побарав засолниште од бесна бура и од виорот.” 9 Збуни ги, Господи, изметкај им ги јазиците, зашто гледам насилство и препирка во градот: 10 Дење и ноќе кружат по ѕидиштата, беззаконија и неволји има во него. 11 Среде него: заседа, неправдата и подлоста не заминуваат од неговите улици. 12 Ако ме укореше непријателот, тоа би го претрпел; да се кренеше против мене оној, што ме мрази, би се скрил пред него. 13 Но, тоа беше ти, ти еднаков со мене, мој пријател, мој довереник, 14 со кого другарував слатко и одевме сложно во Божјиот дом. 15 Смртта нека ги најде одненадеж, нека слезат живи во Подземјето, зашто пакоста им е во живеалиштето и во срцето. 16 А јас ќе Го повикам Бога и Господ ќе ме спаси. 17 Навечер, наутро и на пладне ќе плачам тажно, и Тој ќе го чуе мојот глас. 18 Ќе ми даде мир од оние што ме гонат: зашто се мнозина против мене. 19 Бог ќе чуе и ќе ги понизи, Оној, Кој царува од векови, зашто не се поправаат, не се бојат од Бога. 20 Креваат раце на пријателите, го нарушуваат својот завет. 21 Устата им е помека од маст, а срцето за војна спремно; зборовите понежни од масло, а тие се извлечени мечеви. 22 Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот. 23 А нив, Боже, фрли ги во гробната јама! Крвопијците и измамниците не ќе доживеат половина од дните! А јас се надевам на Тебе!
1 За началникот на пејачите. За гулабица, што молчи во далечина. Давидово писмо, кога Филистејците го фатија во Гат. Смилувај ми се мој Боже, зашто човекот сака да ме проголта; мојот напаѓач непрекратно ме угнетува. 2 Моите непријатели се нафрлаат врз мене секој ден; мнозина се оние, што војуваат против мене. 3 Кога стравот ме опфаќа, на Тебе ќе се надевам. 4 Во Бога јас ќе го фалам Неговото слово; јас се надевам на Бога и нема да се плашам, што може да ми направи смртник? 5 Од утро до вечер, ми ги изопачуваат зборовите; сите нивни помисли се зло за мене. 6 Се состануваат и дебнат; внимаваат на моите чекори; за да ја уловат мојата душа. 7 Плати им според беззаконието, о Боже, со гнев обори ги незнабошците! 8 Ти ги изброи дните на моите скитања, ги собра моите солзи во Твојот сад; не е ли запишано сè во Твојата книга? 9 Моите непријатели ќе се повлечат, штом ќе Те повикам. Од ова знам дека Бог е за мене! 10 Го славам Божјото слово, го славам Господовото слово. 11 Се надевам на Бога и нема да се плашам: што може да ми направи човек? 12 Ме врзуваат заветите што Ти ги направив Тебе, о Боже, ќе Ти принесам благодарни жртви, 13 зашто ми ја спаси душата од смрт. Ти ги запази моите нозе од паѓање за да одам пред Бога, во светлината на живите.
1 За началникот на пејачите. Не погубувај. Давидово писмо кога тој избега од Саула во пештера. Помилувај ме, Боже, о помилувај ме, зашто мојата душа се надева на Тебе. Се засолнувам под сенката на Твоите крилја, додека не мине гибелта. 2 Викам кон Сèвишниот Бог, кон Бога кој ми исполни сè. 3 Нека испрати од небесата и нека ме спаси, нека ги засрами оние, што ме гонат: нека ја испрати Бог Својата милост и вистина. 4 Лежам среде лавовите, што ги голтаат човечките синови. Забите им се копја и стрели, а јазикот им е наострен меч. 5 Возвиши се, Боже, над небесата, Твојата слава нека е над целата земја! 6 Наместија мрежи за моите стапки, ја стиснаа мојата душа; ископаа јама пред мене, и сами паднаа во неа. 7 Постојано е моето срце Боже, постојано е моето срце, ќе пеам и ќе свирам. 8 Разбуди се, душо моја! Разбуди се псалтир и гусле! Ќе ги разбудам утринските мугри. 9 Ќе Те фалам Господи, меѓу народите, ќе Ти пеам меѓу племињата. 10 Зашто Твојата милост е до небото, Твојата верност е до облаците. 11 Возвиши се, Боже, над небесата, Твојата слава нека е над целата земја!
1 За началникот на пејачите. Не погубувај! Давидово пишување. Зборувате ли вистина, правда, вие силници, праведно ли судите, човечки синови? 2 Не, туку смислено беззаконие правите, вашите раце делат неправда по земјата. 3 Безбожниците се на крив пат уште од раѓањето, лагачите се на крив пат од мајчината утроба. 4 Во нив е отров како во змијата, како во лутица што ги затнува ушите, 5 за да не го чуе волшебниковиот глас, ни гласот на бајачот што вража искусно. 6 О Боже, скрши им ги забите во устата, о Господи, здроби им ги вилиците на лавчињата! 7 Нека се излеат како водите што истечуваат, кога ќе го растегнеш својот лак, нека бидат како обезглавени. 8 Нека исчезнат како полжав што се топи лазејќи, нека не видат сонце како пометнато новороденче. 9 Пред котлите ваши да го почувствуваат трњето, виорот нека го однесе додека е зелено. 10 Праведникот ќе се израдува кога ќе ја види одмаздата, нозете ќе ги измие во крвта на злосторникот. 11 И ќе речат луѓето: „Праведникот го доби својот плод! Навистина има Бог, Кој суди на земјата!”
1 За началникот на пејачите. Не погубувај! Давидово пишување, кога Саул испрати да го погубат во куќата. Избави ме од непријателите, Боже мој, заштити ме од моите противници! 2 Избави ме од беззакониците, спаси ме од крволоците! 3 Зашто ете; ја дебнат мојата душа, силниците станаа против мене. Нема вина на мене, о Господи ни грев: 4 Без моја вина се нафрлаат врз мене. Разбуди се! Дојди ми на помош и погледај, 5 Господи, Боже над Воинствата, Израелев Боже! Подигни се, казни ги сите многубошци, немој да им се смилуваш на подлеците! 6 Навечер се враќаат, вијат како кучиња и трчаат по градот. 7 Гледај, како блуваат со устите; клеветите им се на устите и велат: „Кој нè слуша?” 8 Но, Ти им се смееш, о Господи, и им се ругаш на сите незнабошци. 9 О Сило моја, ќе се надевам на Тебе, зашто Ти си Боже, моја заштита, 10 мој Бог, Кој ме милува, ќе ме одбрани; Бог ќе ми даде да ги видам моите непријатели. 11 Не погубувај ги, за да не ми го заведуваат народот, распрсни ги со Твојата сила, симни ги Господи, заштитнику наш. 12 Грев е секој збор на нивните усти, нека се фатат во својата гордост, во клеветите и лагите, што ги зборуваат! 13 Истреби ги во гнев, истреби ги за да исчезнат, нека се знае дека Господ владее во Јакова и до крајот на земјата. 14 Навечер се враќаат и вијат како кучиња и трчаат по градот. 15 Нека скитаат наоколу барајќи храна; и кога нема да се наситат, тогаш ‘ржаат. 16 А јас ќе ја опејам Твојата сила и наутро ќе ја прославувам Твојата милост, зашто Ти ми стана засолниште и прибежиште во ден на неволја. 17 О моја Сило, со песна ќе Те славам, зашто Ти си Боже, моја заштита, мој Бог, Кој ме милува.
1 За началникот на пејачите. На Шушан-Едут. Давидово писмо за поучување, кога тој војуваше со Месопотамска Сирија и со Совската Сирија, и кога Јоав, враќајќи се порази дванаесет илјади Идумејци во Солената Долина. Боже, Ти нè отфрли и ни ги проби бојните редови, Ти се разгневи, а сега врати нè пак! 2 Ја потресе земјата, ја распука, затвори и ги проломите, зашто таа се разнишала. 3 Му навали зла коб на Твојот народ, нè напи со вино што омајува. 4 Им даде знаме на оние кои се бојат од Тебе, за да избегаат пред непријателскиот лак. 5 За да се избават Твоите возљубени, помогни со Твојата десница, послушај ме. 6 Бог рече во Своето Светилиште: „Ќе го поделам Сихем со радосни извици, ќе ја измерам долината Сокхот. 7 Мој е Галад, Мој е Манасиј, Ефрем Ми е кацига, - Јуда Мој жезал. 8 Моав е сад од кого се мијам, врз Едом ќе ги фрлам Моите обувки, ќе славам победа над Филистејците!” 9 Кој ќе ме доведе до утврдениот град? Кој ќе ме доведе до Едом? 10 Зар не Ти, Боже, што нè отфрли? Зар повеќе Боже, не ќе излегуваш со нашите чети? 11 Помогни ни против противниците, зашто човечката помош е ништожна. 12 Со Божја помош ќе се бориме храбро, а Тој ќе ги згази нашите непријатели.
1 За началник на пејачи. За жичана свиралка. Давидов псалм. О Боже, чуј го мојот вик, слушај ја мојата молитва! 2 Од крајот на земјата, викам кон Тебе; зашто моето срце ми премира: ќе ме кренеш врз карпата која е повисоко од мене. 3 Зашто Ти си ми прибежиште, цврста тврдина против непријателите. 4 О да можам да живеам секогаш во Твоето Живеалиште, да се засолнам под Твојата закрила! 5 Зашто, Ти, Боже, ја послуша мојата молба, ми даде наследство како на оние, што го почитуваат Твоето име. 6 Придај дни кон деновите на царот, нека му трајат годините низ многу родови, 7 нека царува, пред Бога довека; испрати ги добрината и верноста да го чуваат! 8 Така ќе го славам секогаш Твоето име, секојдневно ќе ги извршувам своите завети.
1 За началник на пејачи, по Едутуна. Давидов псалм. Душо моја, мирот е само во Бога, спасението е само во Него. 2 Само Тој е моја заштита и спасение, Тврдина моја: нема да се поколебам. 3 До кога ќе се нафрлате врз бедниот, за да го сотрете сите заедно, како разурнат ѕид или навалена ограда? 4 Се заверија да ме фрлат од мојата висина, уживаат во лага; благословуваат со устата, а колнат со срцето. 5 Душо моја, мирот е само во Бога, мојата надеж е само на Него. 6 Само Тој е моја заштита и спасение, Тврдина моја: нема да се поколебам. 7 Во Бога е моето спасение и слава; Бог ми е силна карпа и прибежиште. 8 Надевај се на Него, народе, во секое време, излевајте ги срцата пред Него: Бог е наше засолниште! 9 Синовите на луѓето се суетни, лага се човечките синови: Сите да застанат на мерилка, ќе бидат полесни од суетата. 10 Не се надевајте на насилие, ниту се фалите суетно со ограбеното; ако ви се зголеми богатството, вашето срце нека не се прилепи кон него. 11 Бог рече едно, а јас чув две: „Силата е во Бога!” 12 Господи, во Тебе е добрината! Ти му враќаш секому според делата.
1 Давидов псалм, кога бил во Јудејска пустина. О Боже, Ти си мој Бог: горливо Те барам Тебе; Мојата душа жеднее по Тебе, моето тело копнее по Тебе, како сува, жедна и безводна земја. 2 Те согледував Тебе во Светилиштето, гледајќи Ти ја славата и силата. 3 Твојата љубов е подобра од животот, моите усни ќе Те слават. 4 Така ќе Те благословувам додека сум жив, во Твое име ќе ги кревам рацете. 5 Мојата душа ќе биде сита како од сало и масло, ќе Те фалам со радосни усни. 6 Си спомнувам за Тебе, во постелата, размислувам за Тебе во ноќните бдеења. 7 Ти ми стана помош, радосно извикувам во сенката на Твоите крилја. 8 Мојата душа се прилепува кон Тебе, Твојата рака ме потпира. 9 Оние што ја туркаат мојата душа кон пропаст, нека слезат во длабочините на земјата, 10 нека и бидат предадени на власта на мечот, нека станат плен на лисиците. 11 А царот ќе се весели во Бога; ќе биде фален секој, кој се колне во Него, зашто ќе им биде затната устата на оние што зборуваат невистина.
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Послушај го, Боже, гласот на мојата жалба, чувај ми го животот од страшен непријател! 2 Штити ме од множество лукави, скриј ме од бесот на злодејците. 3 Кои ги острат јазиците како мечеви, исфрлаат отровни зборови како стрели, 4 за да го ранат потајно невиниот, за да го ранат одненадеж, не плашејќи се од ништо. 5 Подготвени се за пакосно дело, смислуваат како да постават крадум стапици и зборуваат: „Кој ќе нè види?” 6 Измислуваат злодела, спремни сме со смислени намери: мислата и човечкото срце се длабока бездна. 7 Но Бог ги ранува со стрела, одненадеж ги прекриваат рани. 8 Сопствениот јазик ќе ги сопне, ќе бегаат од нив оние што ги гледаат: 9 сите се плашат, го слават Божјото дело и мислат за она што Тој направи. 10 Праведникот се весели во Господа, на Него се надева; и чесните извикуваат радосно со сето срце.
1 За началник на пејачи. Давидов псалм за пеење. Боже, Тебе Ти припаѓа песна на Сион, пред Тебе се исполнува заветот - 2 Ти ја послушуваш молитвата. Секое тело доаѓа при Тебе. 3 Нашите гревови натежнаа, нашите престапи Ти ги очистуваш. 4 Блажен кого го избра и го зеде при Себе: тој живее во Твоите дворови. Да се наситиме со благата на Твојот дом и со светоста на Твојот Храм. 5 Чудесно нè услишуваш во Својата правда, о Боже, наше спасение, надеж на сите краишта на светот и на далечните мориња. 6 Ги утврдуваш планините со Својата јачина, препашан со сила. 7 Ги скротуваш: шумот на морето, шумот на брановите и вревата на народите. 8 Оние што живеат на крајот на земјата, се плашат од Твоите знаци; ги полниш со радост утрата и вечерите. 9 Ти ја посетуваш земјата и Ти ја напојуваш, ја збогатуваш неа многу. Божјата река се наполни со вода, Ти им обезбедуваш жито на луѓето. Вака ја подготви земјата: 10 и ги напојуваш браздите, и ги израмнуваш грутките; ја размекнуваш со дожд, и ги благословуваш посевите. 11 Ти ја овенча годината со Својата благост, плодност никнува зад Твоите стапалки. 12 Пустинските пасишта капат од изобилство, ридовите се препашуваат со радост. 13 Ливадите се китат со стада, долините се покриваат со жито; насекаде радосни воскликнувања, песна.
1 За началник на пејачи. Песна. Воскликни му на Бога, сета земјо, 2 опеј ја славата на Неговото име, подај Му достојна фала. 3 Речете на Бога: „Колку се страшни Твоите дела! Непријателите Ти ласкаат, заради Твојата голема сила. 4 Целата земја нека Ти се поклонува и нека Ти пее, нека Му пее на Твоето име!” 5 Дојдете и видете ги Божјите дела: направи чуда меѓу човечките синови. 6 Тој го претвори морето во суво копно, со нозете ја пребродија реката, заради тоа да Му се радуваме! 7 Владее довека со Својата сила, Неговите очи ги набљудуваат народите, за да не се кренат бунтовни луѓе. 8 Благословувајте Го, народи, нашиот Бог, разгласувајте ја Неговата фала! 9 & дарува живот на нашата душа и не остави да ни се сопне ногата. 10 Ти нè искуша о Боже, нè искушуваше, како сребро, со оган. 11 Нè остави да паднеме во стапица, ги стисна со вериги нашите слабини. 12 Остави да ни јаваат на глава: поминавме низ оган и вода, тогаш нè изведе во изобилие. 13 Ќе влезам со паленица во Твојот дом, ќе ги исполнам заветите пред Тебе, 14 што ги ветија моите усни, што ги заветува мојата уста во неволја. 15 Ќе Ти принесам паленици од мрсно, со мирис на овни, ќе жртвувам волови и јариња. 16 Дојдете, чујте, сите, што се боите од Бога, ќе ви раскажувам што и направи на мојата душа! 17 Со својата уста Го повикав Него, со јазикот Го фалев. 18 Ако мислев зло во срцето, Господ не би послушал. 19 Но Бог ме услиши: Обрна внимание на гласот на мојата молитва. 20 Благословен да е Бог, Кој не ми ја одби молитвата, Кој не ја отстрани од мене Својата милост.
1 За началник на пејачи. На жичани свиралки. Псалм. Песна. Бог да ни се смилува и да нè благослови, да нè осветли со Своето лице, 2 за да го запознае целата земја Твојот пат, сите народи Твоето спасение! 3 Нека Те слават народите, Боже, нека Те слават сите народи! 4 Нека се веселат и воскликнуваат народите, зашто им судиш на народите со правда и ги водиш народите на земјата. 5 Нека Те слават народите, Боже, нека Те слават сите народи! 6 Земјата роди плод! Бог нè благослови, нашиот Бог! 7 Да нè благослови Бог! Нека се бојат од Него сите краишта на земјата.
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Песна. Нека се крене Бог! Нека се разбегаат Неговите непријатели, нека избегаат пред Него сите Негови мразители! 2 Како што исчезнува димот, нека ги снема и нив! Како што се топи восокот врз оган, така нека ги снема грешниците пред Божјото лице! 3 Нека се радуваат праведните, нека Му пеат на Бога, нека воскликнуваат од радост. 4 Пејте на Бога, славете го Неговото име! Порамнете го патот на Оној, Кој оди низ пустината, чие име е Господ - и радувајте се пред Него! 5 Татко на сирачињата, бранител на вдовиците, Бог е во Своето свето Живеалиште. 6 Бог ќе ги настани осамените во семејства, на затворениците ќе им даде среќна слобода: само бунтовниците останаа во безводната пустина. 7 Боже, кога чекореше пред Својот народ, додека поминуваше низ пустината, 8 земјата се тресеше, небото росеше пред Бога, Синај трепереше пред Бога, Израелевиот Бог. 9 Боже, Ти испрати благословен дожд на Своето наследство, го зајакна кога беше уморно. 10 Твоето стадо се насели во него, со добрина Боже, Ти го подготви за сиромашниот. 11 Господ даде слово: големо е мноштвото на радосните известители: 12 Царевите на војските бегаат и бегаат, домаќинките го разделуваат запленетото. 13 Додека вие се одморувавте меѓу стадата, крилата на гулабицата заблистаа со сребро, а нејзиното перје со жолтикаво злато: 14 таму Сèмоќниот ги разбиваше царевите, а таа заблеска како снег на Селмон. 15 Божја планина е Васанската планина; високата Гора, е Васанска Гора. 16 Зошто вие, врвлести планини, гледате со завист на гората, каде Бог благоволи да живее? Господ ќе престојува на неа секогаш! 17 Божјите воени коли се безбројни, илјадници илјади: Господ доаѓа од Синај во Своето Светилиште! 18 Издигајќи се на височина, водејќи ги заробениците, Ти доби дарови меѓу луѓето, а и меѓу бунтовниците - за да се настаниш таму Господе Боже! 19 Благословен да е Бог од ден на ден, Бог нè носи, нашиот Спасител. 20 Нашиот Бог е Бог Кој спасува, Господ избавува од смрт. 21 Навистина, Бог ќе ги скрши главите на Своите непријатели, влакнестото теме на оној, што оди во гревови. 22 Господ рече: „Ќе ги доведам од Васан, ќе ги доведам од длабочината на морето, 23 за да ја капеш ногата во крв, за да имаат јазиците на твоите кучиња дел од непријателот. 24 Боже, го гледаат влегувањето, влегувањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето: 25 Напред пеачи, по нив свирачи, во средина - девици со даириња. 26 „Славете Го Бога на свечени собранија, славете Го Бога, Израелеви синови!” 27 Најмладиот, Венијамин, ги предводува, кој оди пред нив, таму се Јудините кнезови со своите чети, Завулоновите кнезови и Нефталимовите кнезови. 28 Боже, покажи ја Својата сила, силата, Боже, со која се бориш за нас 29 од Својот Храм во Ерусалим! Нека Ти носат царевите дарови! 30 Скроти го ѕверот во трската, стадо бикови со телиња на народите! Нека се опростат пред Тебе со сребрените жезли: распрсни ги народите, кои ја сакаат војната! 31 Нека дојдат големците од Египет, Етиопија нека Му пружи рака на Бога! 32 Сите царства на светот пејте Му на Бога, славете Го Господа, 33 Кој се вози по небото, по исконското небо! Чуј, грми со гласот, со Својот силен глас: 34 „Признајте ја Божјата сила!” Неговото величество над Израел, Неговата сила во облаците! 35 Страшен е Бог од Своето Светилиште. Израелевиот Бог му дава моќ и сила на Својот народ. Благословен да е Бог!
1 За началник на пејачи. На Шошаним. Давидов псалм. Спаси ме, Боже, водите ми стигнаа до грлото! 2 Потонав во длабока тиња и нема каде да ја ставам ногата; тонам во длабока вода, брановите ме покриваат. 3 Изнемоштев од викање, грлото ми зарипна, очите ми се истоштија, чекајќи Го мојот Бог. 4 Побројни се од влакната на мојата глава, оние што ме мразат за ништо. Потврди се од моите коски, оние што ми се противат неправедно: Зар можам да вратам она што не сум ограбил? 5 Боже, Ти ја знаеш мојата безумност, не Ти се скриени моите гревови. 6 Нека не се засрамат заради мене, оние што се надеваат на Тебе, Господи, Господи, над Воинствата! Нека не се засрамат заради мене, кои Те бараат Тебе, Боже Израелев! 7 Зашто заради Тебе, претрпев навреда и срам ми го покри лицето. 8 Туѓинец им станав на браќата и странец на децата на својата мајка. 9 Зашто ме изеде ревноста за Твојот Дом и навредите на оние, што Те навредуваат Тебе, паднаа на мене. 10 Душата ја измачував со пост, ми се сврте на срам. 11 Зедов вреќа за облека и им станав приказ. 12 Кои седат пред вратата, зборуваат против мене, пијаниците ми пеат шеговити песни. 13 Но Тебе Ти се молам, Господи, во време на милоста Боже; услиши ме според Твојата голема добрина, според верноста на Твоето спасение! 14 Извлечи ме од калта, за да не потонам, избави ме од оние што ме мразат - од длабоките води. 15 Не оставај да ме покријат брановите, не оставај да ме проголта длабочината, не оставај бездната да ја затвори устата над мене! 16 Услиши ме, Господи, зашто е благо Твоето милосрдие, погледај на мене, според Твојата голема милост! 17 Не го скривај лицето пред Твојот слуга; зашто сум притеснет, услиши ме брзо! 18 Приближи и се на мојата душа и спаси ја; ослободи ме заради моите непријатели! 19 Ти знаеш како ме навредуваат, засрамуваат и срамат, пред Твоите очи се сите што ме измачуваат. 20 Навредувањето ми го скрши срцето и се истоштив, чекав некој да се сожали над мене, ама немаше никој. И некој да ме утеши, ама не го најдов. 21 Во јадењето ми замешаа жолчка, во мојата жед ме напоија со киселина. 22 Трпезата нека им биде примка, а жртвените гозби стапица! 23 Нека им се смрачат очите за да не гледаат, нека им ослабеат боковите засекогаш. 24 Излеј ја Својата лутина врз нив, нека ги зафати жарот на Твојот гнев! 25 Нека им запусти нивното живеалиште, нека не живее никој во нивниот шатор! 26 Зашто го гонеа оној, кого Ти го искара, болката му ја зголемуваат на оној, кого Ти го рани. 27 Врз нивното беззаконие додај уште вина, да не се оправдаат пред Тебе! 28 Нека бидат избришани од книгата на живите, нема да бидат вброени меѓу праведниците. 29 А јас сум беден и болен - нека ме штити Твојата помош, о Боже! 30 Ќе Го фалам Божјото име со песни, ќе Го величам со зафалници. 31 Тоа ќе Му биде помило на Господа отколку жртвен бик, помило од јунец со копита и рогови. 32 Гледајте, бедни, и радувајте се, нека ви оживее срцето на сите, кои Го барате Бога. 33 Зашто Господ ги слуша сиромасите, Тој не ги презира Своите пленици. 34 Нека Го фалат небесата и земјата, морињата и сè што се движи во нив. 35 Зашто Бог ќе го избави Сион - Тој ќе ги изгради Јудините градови - тие ќе живеат таму, ќе имаат наследство. 36 Ќе го наследат и потомците на Неговите слуги, ќе престојуваат во него оние, кои Го љубат Божјото име.
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Во спомен. О Боже, избави ме, Господи, побрзај ми на помош! 2 Нека се засрамат и збунат, сите кои ја бараат мојата душа! Нека отстапат и нека се засрамат, кои се радуваат на мојата несреќа! 3 Нека се повлечат, заради својот срам, оние, кои ми зборуваат: „Ха ха!” 4 Нека извикуваат радосно и нека се веселат во Тебе, сите кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Бог е величествен!” Сите кои го љубат Твоето спасение! 5 А јас сум беден и ништожен, о Боже, побрзај ми на помош! Ти си моја помош и спасител, Господи, не доцни!
1 Господи, на Тебе се надевам, не оставај, никогаш да се засрамам! 2 Избави ме во Својата правда и спаси ме; наведни го увото и спаси ме! 3 Биди ми закрила на засолниште и цврста тврдина на спасението зашто Ти Си моја стена и тврдина. 4 Боже мој, истргај ме од рацете на злотворот, од рацете на силникот и угнетувачот: 5 зашто, Ти Си, Господи, моја надеж, Господи, надеж од мојата младост! 6 На Тебе се потпирам од раѓањето; Ти Си ми заштитник од мајчиното крило: на Тебе пеам секогаш. 7 За мнозина станав чудо, зашто Ти ми беше силна помош. 8 Мојата уста беше полна со Твојата фала, Те славеше секој ден! 9 Не ме отфрлај на старост: не ме оставај, кога ќе ми се намали силата. 10 Зашто моите непријатели зборуваат за мене, и кои ме дебнат, се советуваат сложно: 11 „Бог го напушти; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го спаси!” 12 О Боже, не стој далеку од мене, Боже мој, поитај ми на помош! 13 Нека се засрамат и пропаднат кои го бараат мојот живот; нека се покријат со укор и срам оние, што ми сакаат зло! 14 А јас ќе се надевам секогаш, ќе Те фалам сè повеќе, и повеќе. 15 Со устата ќе ја проповедам Твојата правда, постојано Твоето спасение, зашто не им го знам бројот. 16 Ќе раскажувам за Господовата сила, Господи, ќе ја славам само Твојата праведност. 17 Боже, Ти ми беше учител од мојата младост, и сè досега ги разгласувам Твоите чудеса. 18 Ни во староста, кога ќе обелам во косата, Боже, не ме оставај; за да раскажувам за Твојата мишка на идното поколение и на сите идни поколенија, за Твојата сила. 19 И за Твојата праведност, Боже, што стига до небото, со која направи големи дела. Боже, кој е како Тебе! 20 Многу и големи трпенија фрли врз мене: но Ти ќе ме оживиш пак и пак ќе ме кренеш од длабочината на земјата. 21 Зголеми го моето достоинство и утеши ме пак! 22 А јас, со псалтир, ќе ја славам Твојата верност, о Боже, ќе Ти свирам со лира, Израелев Светец! 23 Моите усни ќе воскликнуваат пеејќи Ти, и мојата душа, што ја избави. 24 И мојот јазик секогаш ќе ја слави Твојата правда, зашто се засрамени и понижени оние, што сакаат несреќа за мене.
1 За Соломон. (Давидов псалм). Боже, дај му го Твоето правосудство на царот и Твојата правда на царскиот син. 2 За да му суди праведно на Твојот народ, на бедните според праведноста! 3 Нека планините му донесат мир на народот, а брежињата правда. 4 Ќе им суди право на угнетуваните, ќе им донесе спасение на децата на бедните, а насилниците ќе ги сотре. 5 Нека се бојат од Тебе, додека трае сонцето, и месечината, низ сите поколенија. 6 Ќе слезе како роса врз тревата, како дожд што ја напојува земјата! 7 Во Негово време ќе цветаат правдата и големиот мир - сè додека постои месечината. 8 И Тој ќе владее од море до море, и од Реката (Еуфрат) до границите на светот. 9 Оние што живеат во пустината, ќе клекнат пред него, и противниците ќе го лижат правот. 10 Царевите на Тарсис и на островите ќе Му донесуваат подароци, владетелите на Арабија и на Сева ќе Му донесуваат данок. 11 Сите владетели ќе Му се поклонуваат, сите народи ќе Му служат. 12 Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник; 13 ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот: 14 Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи. 15 Затоа нека живее! Нека Го даруваат со злато од Арабија, нека се молат за Него секогаш и нека Го благословуваат преку цел ден! 16 Нека има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите нека шуми како кедровите Либански! И нека цветаат градските жители како трева на ливадата. 17 Неговото име нека е благословено довека! Неговото име се зголемува. Додека сонцето трае, со Него ќе бидат благословувани сите племиња на земјата, сите народи ќе го наречуваат блажен! 18 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен твори чудеса! 19 И благословено да е Неговото славно име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Така нека биде. Амин! 20 Со тоа завршуваат молитвите на Јесеевиот син Давид.
1 Асафов псалм. Бог е навистина добар кон Израел, кон оние што имаат чисто срце! 2 А мене, за малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите, 3 Зашто им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците. 4 Никакво страдање не носат, нивното тело е дебело. 5 Не живеат во маките на смртниците, не ги удираат човечките неволји. 6 Затоа гордоста е ѓердан на нивниот врат, а насилството облека што ги покрива. 7 Од здебеленоста им испакнуваат очите, таа се прелева во срцето. 8 Тие се потсмевнуваат и зборуваат злобно, со насилства се закануваат одозгора. 9 Со устата се нафрлаат врз небото, а нивниот јазик ја обиколува земјата. 10 Затоа мојот народ се враќа и пие изобилно вода, 11 Па велат: „Од каде знае Бог? Сознава ли Сèвишниот?” 12 Ете, такви се грешниците: секогаш спокојни, збираат богатство. 13 И така, дали само јас го чував напразно моето срце чисто и ги миев рацете во невиност. 14 Кога примав удари секој ден, и казна утро по утро? 15 Да речев: „Ќе зборувам како нив,” ете, би бил предавник на родот на твоите синови. 16 И размислував како да го сознаам тоа: но ми се гледаше мачно во моите очи, 17 сè додека не најдов влез во Божјото Светилиште, и го согледав каков им е свршетокот. 18 Навистина, Ти ги поставуваш на лизгава патека, ги обрнуваш во пропаст! 19 Како одеднаш, тие стигнаа во запустување, погинаа, исчезнаа од ужаси! 20 Како што човекот го презира сонот, кога ќе се разбуди, така Господи, ќе го презреш нивниот лик, штом станеш. 21 Кога мојата душа беше јадосана, а бубрезите прободени, 22 Бев безумник без разбирање, како животинче пред Тебе. 23 Но отсега секогаш ќе бидам со Тебе, зашто Ти ја прифати мојата десница: 24 ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во Својата слава. 25 Кого имам јас на небо, освен Тебе? Кога сум со Тебе, ништо не сакам на земјата. 26 Премалени ми се телото и срцето: Стено на моето срце, и мое наследство, о Боже, довека! 27 Вистина, ќе пропаднат оние, што се оддалечуваат од Тебе, го истребуваш секој, што ќе Те изневери. 28 А за мене милина е да бидам во Божја близина, да имам свое засолниште во Тебе, Господи Боже. Ќе ги проповедам сите Твои дела.
1 Асафово учење. Боже зошто нè отфрли засекогаш, зошто врие Твојот гнев против овците на Твоето пасиште? 2 Спомни си за собранието што го придоби одамна, племињата што ги искупи како Свое наследство, и Сионските Планини, каде што си Се населил. 3 Зачекори кон вечните урнатини; непријателот разори сè во Светилиштето. 4 Твоите противници викаа на средина на Твоето собрание, своите знаци ги поставија како знаци на победата. 5 Беа како оние што мавтаат со секира по густи шуми. 6 И сега со секира и чекан ги кршеа резбите. 7 Го предадоа на оган Твоето Светилиште, го онечистија до земја Живеалиштето на Твоето име. 8 Рекоа во своето срце: „Ги истребивме заедно; изгорете ги сите Божји светилишта на земјата!” 9 Не ги гледавме своите знаци, нема веќе пророци, и никој меѓу нас не знае до кога... 10 О Боже, уште до кога непријателот ќе се потсмева? Дали непријателот ќе го презира Твоето име довека? 11 Зошто ја повлекуваш раката и зошто ја криеш во крило Својата десница? Оттргни ја од своето крило, погуби ги! 12 Но, Бог е мој Цар од древноста, Тој, Кој спасува среде земјата! 13 Ти, со Својата сила, го расече морето, ги смачка главите на морските чудовишта, во водите. 14 Ти му ги скрши главите на Левијатана! Го даде за храна на народите пустински. 15 Ти овозможи да потечат извор и буица, Ти ги пресуши непресушливите реки. 16 Денот е Твој и ноќта е Твоја, Ти ги зацврсти месечината и сонцето; 17 Ти ги создаде сите граници на земјата, Ти ги создаде летото и зимата. 18 Спомни си за ова: Господи, непријателите Ти се потсмеваа, и безумен народ го похули Твоето име. 19 Не предавај му го на јастребот животот на грлицата Твоја, и не заборавај го никогаш животот на Твоите сиромаси! 20 Погледај на Својот Завет, зашто темните катчиња на земјата се полни со живеалишта на насилства. 21 Не оставај угнетуваниот да замине засрамен: нека бедниот и немоќниот Го фалат Твоето име! 22 Стани, Боже, заземи се за Своето дело, спомни си за навредата што безумникот Ти ја нанесува секој ден. 23 Не заборавај го гласот на Своите непријатели: вревата на бунтовниците уште се крева кон Тебе!
1 За началник на пејачи. Не погубувај! Асафов псалм. Песна. Те славиме Боже, Те славиме, и го повикуваме Твоето име, ги проповедаме Твоите чудеса. 2 „Кога ќе го одредам времето, ќе судам право. 3 Па нека се стресе земјата со сите свои жители, Јас ги зацврстив нејзините столбови. 4 Ги опоменувам дрските: *Не бидете дрски!* Безбожниците: *Не бидете толку рогливи! 5 Не кревајте го својот рог против небото, не зборувајте дрско и тврдоврато!*” 6 Зашто издигањето не доаѓа ниту од исток ниту од запад, ниту пак од пустината. 7 Бог е Кој суди: овој го понижува, оној го возвишува! 8 Зашто во Господовата рака е чашата полна со пенушливо вино, добро измешано; Тој напојува од неа, до капка ќе ја испијат и ќе ја исцедат сите злосторници на земјата. 9 А јас ќе извикнувам радосно довека, ќе Му пеам на Јакововиот Бог. 10 Ќе им ги скршам роговите на безбожниците, а роговите праведнички ќе бидат возвишени.
1 За началник на пејачи. На жичани свиралки. Асафов псалм. Песна. Бог е познат во Јудеја, Неговото име е величествено во Израел! 2 Неговото живеалиште е во Салим, а престојувалиштето на Сион. 3 Тој ги искрши таму: огнените стрели на лаковите, штитовите, мечевите, и оружјето бојно. 4 Блескав си од светлина, повеличествен од древните планини. 5 Ограбени се оние што имаа тврдо срце, и го сонуваат својот сон - им онемоштија рацете на сите храбри. 6 Од Твојата закана, Боже Јаковов, се скаменија колите и коњите. 7 Ти си страшен, и кој може да опстане пред жестокоста на Твојот гнев? 8 Ја изрече пресудата од небото, земјата се стресе и занеме од страв; 9 кога Бог стана да суди, да ги спаси кротките на земјата. 10 Зашто ќе Те прославува и бесот на човекот и со остатокот на бесот Ти се завиткуваш. 11 Заветувајте се и исполнувајте ги заветите на Господа, вашиот Бог; сите, околу Него, нека му донесуваат дарови на Достојнопочитуваниот. 12 Кој ја зауздува гордоста на кнезовите, Кој е страшен за царевите на земјата.
1 За првиот пејач, по Идитум. Асафов псалм. Викам кон Бога, со мојот глас, мојот глас се издига кон Бога, и Тој ме слуша. 2 Во ден на неволја Го барам Господа, ноќе, мојата рака се испружува неуморно, мојата душа не сака да се утеши. 3 Си спомнувам за Бога и воздивнувам; кога размислувам ми го снемува здивот. 4 Ги држиш моите клепки, потресен сум, не можам да зборувам. 5 Размислувам за древните дни и се сеќавам за минатите години; 6 се сеќавам, ноќе, на мојата песна, размислувам во срцето, и мојот дух испитува: 7 „Дали Господ ќе отфрли засекогаш и дали ќе биде, кога и да е, уште милостив? 8 Дали прекрати Неговата милост засекогаш, пропадна ли Неговото ветување за сите поколенија? 9 Заборави ли Бог да биде благодатен, или гневен ја затвори Својата милост?” 10 И говорам: „Ова е мојата болка: се измени десницата на Сèвишниот.” 11 Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса. 12 Ги набљудувам сите Твои дела, го разгледувам она што го направи. 13 О Боже, свет е Твојот пат; кој бог е толку голем како нашиот Бог? 14 Ти си Бог, Кој твориш чудеса, врз народите ја покажа Својата сила. 15 Со мишката го избави Својот народ, Јакововите и Јосифовите синови. 16 Водите Те видоа, Боже, водите Те видоа и се повлекоа, бездните се разбрануваа. 17 Облаците истурија поројни води, облаците зататнија со гром, и Твоите стрели полетаа. 18 Твојот грмеж се заори во виорот, секавиците ја осветлија вселената, земјата се стресе и се разниша. 19 Низ морето Тебе Ти се отвори пат и Твојата патека низ големи води, а Твоите траги никој не ги виде. 20 Ти го водеше Твојот народ, како стадо, со рацете на Мојсеја и на Арона.
1 Асафово учење. Послушај го, народе Мој, Мојот закон, приклони ги своите уши кон зборовите на Мојата уста! 2 Ќе ја отворам својата уста за поука, ќе ги изнесам тајните од древните времиња. 3 Она што чувме и научивме, што ни раскажуваа татковците, 4 не ќе го криеме од нивните деца, ќе го предадеме на идното поколение: Господовата слава и Неговата сила, и чудесните дела што ги направи. 5 Тој постави сведоштво за Јакова, положи Закон во Израел: Тоа што им го заповеда на нашите татковци, тие да му го соопштат на своите деца, 6 за да знае идното поколение, и синовите што ќе се родат, да им раскажуваат на своите деца, 7 својата надеж да ја положат на Бога и да не ги забораваат Божјите дела, туку да ги исполнуваат Неговите заповеди, 8 и да не бидат - како нивните татковци - упорно и непокорно поколение. Поколение непостојано со срцето и со духот неверно на Бога. 9 Ефремовите синови, воини со лакови, ги свртија плеќите во денот на битката. 10 Не го додржаа Заветот со Бога и не сакаа да одат според Неговиот Закон. 11 Ги заборавија Неговите дела, чудата што им ги покажа. 12 Пред нивните очи правеше знаци во Египет, во Полето Зоан. 13 Тој го раздвои морето и ги преведе, ги издигна водите како насип. 14 Дење ги водеше со облакот, а цела ноќ со блескав оган. 15 Расцепи карпа во пустината и ги напои изобилно како од бездните. 16 Извади потоци од стената, и направи да протечат води како големи реки. 17 А тие продолжуваа да грешат, го огорчуваа Сèвишниот во пустината. 18 Го искушуваа Бога во своите срца, барајќи јадења за својата лакомост. 19 Зборуваа против Бога и прашаа: „Може ли Бог да стави трпеза во пустината? 20 Ете, Тој ја удри карпата, и водата потече и потоците се прелеваа: а може ли да даде леб и да му достави месо на Својот народ?” 21 Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев: оган се распали против Јакова, гневот се разјари против Израела, 22 Зашто не Му веруваше на Бога, ниту се надеваа на Неговата помош. 23 Па му нареди, одозгора, на облакот, и ги отвори небесните брани, 24 како дожд излеа врз нив да јадат мана, и ги нахрани со небесниот леб. 25 Човекот јадеше ангелски леб; Тој им даде храна до ситка. 26 Го разбуди на небото источниот ветер, и со сета сила го доведе југот. 27 Истури врз нив месо како прав, и крилести птици како морски песок. 28 Паднаа среде нивниот логор и околу нивните живеалишта. 29 Јадеа и се наситија, тој ја исполни нивната желба. 30 Уште не се беа откажале од својата лакомост и јадењето уште им беше во устите, 31 кога Божјиот гнев се распали на нив: ги покоси со смрт нивните прваци, и ги погуби Израелевите момчиња. 32 Покрај сè тоа, грешеа натаму и не веруваа во Неговите чудесни дела. 33 И им ги приврши дните со еден здив, и нивните години со ненадежен свршеток. 34 Кога ги убиваше, Го бараа, и пак прашуваа за Бога; 35 си спомнуваа дека Бог е нивна карпа и Сèвишниот нивен Откупител. 36 Но пак Го измамуваа со својата уста и Го лажеа со својот јазик. 37 Нивното срце не беше наполно со Него, ниту беа верни на Неговиот Завет. 38 А Тој милостиво им го проштаваше гревот и не ги погубуваше; често го воздржуваше Својот гнев, за да не пламне со сета жестина. 39 Си спомнуваше дека се тело, и здив што заминува и не се враќа веќе. 40 Колку Го огорчуваа во пустината, и Го жалостеа во безводен крај! 41 Сè наново Го искушуваа Бога и Го ограничија Израелевиот Светец, 42 не спомнувајќи си за Неговата рака, ни за денот кога ги избави од непријателите, 43 ни за Неговите знаци во Египет, ни за чудесните дела во Зоанското Поле. 44 Им ги претвори реките во крв, и нивните потоци, за да не пијат. 45 Испрати стршели на нив, за да ги погубуваат. 46 И ја предаде нивната жетва на скакулците и плодот на нивната мака на гасениците. 47 Ги удри со град нивните лозја, а со мраз нивните смокварници. 48 И го предаде на град нивниот добиток, и на секавиците нивните стада. 49 Ја излеа врз нив сета жестокост на Својот гнев, на јароста, бесот и неволјата: ги испрати на нив ангелите на несреќата. 50 И отвори пат за Својот гнев: не им го поштеди животот од смртта, го предаде на помор нивниот живот. 51 Порази во Египет сè првородено, првенците во Хамовите шатори. 52 И го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо низ пустината. 53 Ги водеше безопасно и не се плашеа, а морето ги покри нивните непријатели. 54 Тој ги одведе во Својата Света Земја, на бреговите што ги освои Неговата десница. 55 Пред нив ги истера многубошците, со јаже им го подели наследството, ги насели израелските племиња под нивните шатори. 56 А тие го искушуваа и Го гневеа Сèвишниот Бог и не ги исполнуваа Неговите заповеди. 57 Отпаднаа, изневерија, како нивните татковци, затаија како неверен лак. 58 Го принудија со своите високи места, Го поттикнуваа на завист со своите идоли. 59 Бог виде и пламна со гнев, го отфрли целосно Израел. 60 И го напушти Своето престојувалиште во Силом, шаторот во кој живееше меѓу луѓето. 61 И ја предаде во ропство Својата Сила, и Својата Слава во непријателски раце. 62 Го предаде на меч Својот народ, се разгневи на Своето наследство. 63 Огнот ги проголта нивните момчиња, нивните девици не се омажија. 64 Нивните свештеници паднаа од меч, не заплакаа нивните вдовици. 65 Тогаш, Господ се тргна како од сон, како Воин совладан од вино. 66 Ги удри Своите непријатели, ги одби назад, им зададе вечен срам. 67 Тој го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра Ефремовото племе, 68 туку го избра Јудиното племе и гората Сион, што му замиле. 69 Изгради Светилиште високо како небото, го утврди довека како земјата. 70 Го избра Својот слуга Давид, го зеде од кошарите на овците; 71 го одведе од овците доилки, за да го пасе Јакова, Неговиот народ, и Израел, Неговото наследство. 72 И ги пасеше со честито срце и ги водеше со грижливи раце.
1 Асафов псалм. Боже, незнабожците, ете, навлегоа во Твоето наследство, го запустија Твојот Свет Храм, го претворија Ерусалим во урнатини. 2 Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа за храна на небесните птици, месото на Твоите свети на земските ѕверови. 3 Им ја пролеваа крвта како вода околу Ерусалим, и немаше никој, за да ги погребе. 4 Станавме за срам пред своите соседи, присмев и ругање за сите околу нас. 5 До кога уште, Господи? Зар ќе се гневиш секогаш? Зар Твојата ревност ќе гори како оган? 6 Излеј го гневот врз незнабожците, што не Те признаваат, и врз царствата што не го повикуваат Твоето име! 7 Зошто го изедоа Јакова и го опустија неговото престојувалиште. 8 Не спомнувај си, против нас, за беззаконијата на татковците, нека нè испревари Твојата милост, зашто сме јадни и неволни. 9 Помогни ни, Боже, наше спасение, заради славата на Своето име, ослободи нè и прости ни ги гревовите заради Своето име! 10 Зошто незнабожците да зборуваат: „Па каде е нивниот Бог?” Нека се покаже врз многубожците, пред нашите очи, како ја одмаздуваш пролеаната крв на Своите слуги! 11 Нека стигнат до Тебе воздишките на затворениците, со силата на Своите мишки запази ги осудените на смрт! 12 А на нашите соседи врати им ја седмократно, во пазувите, хулата што Ти ја нанесоа Тебе, о Господи! 13 А ние, Твојот народ и овци на Твоето пасиште, ќе Те славиме довека, ќе ја разгласуваме Твојата фала, од род на род!
1 За началник на пејачи. На свиралката: Шошаним-Едут. Асафов псалм. Израелев Пастиру, послушај, Ти што го водиш Јосифа, како стадо овци! Ти што седиш над херувите, заблескај. 2 Пред Ефрема, Венијамина и Манасија: разбуди ја Својата сила, дојди ни напомош! 3 Боже, обнови нè, разведри го Своето лице и спаси нè! 4 Господи, Боже над Воинствата, до кога ќе пламнуваш, иако Твојот народ се моли? 5 До кога ќе нè храниш со лебот на солзите, и ќе нè напојуваш изобилно со солзи? 6 До кога нашите соседи ќе се препираат за нас, и ќе ни се ругаат нашите непријатели? 7 Боже над Воинствата, обнови нè, разведри го Своето лице и спаси нè! 8 Ти ја пренесе лозата од Египет, ги истера нечистите, а неа ја засади. 9 Ти и подготви почва, и таа пушти корења и ја наполни земјата. 10 Сенката и ги покри бреговите, гранките и станаа како Божји кедрови. 11 Своите млади прачки ги испружи до морето и своите ластари до Реката. 12 Зошто и ја сруши оградата, за да ја берат сите што минуваат патем, 13 да ја запустува дивинита од гората, да ја пасат полските ѕверови? 14 Врати се, Боже над Воинствата, погледај од небото и види, посети го ова лозје: 15 заштити го тоа што го засади Твојата десница, синот кого го воспита за Себеси! 16 Тие што ја изгореа и исекоа, нека загинат од заканувањето на Твоето лице! 17 Твојата рака нека биде над човекот на Твојата десница, над човечкиот син, кого го воспита за Себеси! 18 Не ќе се одметнуваме повеќе од Тебе; поживи нè, а ние ќе го повикуваме Твоето име. 19 Господи, Боже над Воинствата, обнови нè! разведри го Своето лице и спаси нè!
1 За началник на пејачи. На гетска свиралка. Асафов псалм. Пејте Му радосно на Бога, на нашата сила, пејте Му радосно на Јакововиот Бог! 2 Нека зазвучат жиците, нека се чуе тапанчето, свирете со милозвучен псалтир! 3 Затрубете во рог при млада месечина, при нова месечина, на нашиот празник! 4 Зашто тоа е Израелев закон, заповед на Јакововиот Бог. 5 Таков закон му даде на Јосифа, кога излегуваше од Египетската Земја. 6 Чув таинствено шепотење: „Го ослободив од терет неговото рамо, рацете му се слободни од кошницата. 7 При тешкотија Ме повика, и Јас те избавив; Ти одговорив од громовниот облак; те искушав при Меривските Води. 8 Слушај, Мој народе, и Јас ќе те опоменам: о, да Ме послушаш, Израеле! 9 Да нема друг бог меѓу тебе, и не клањај се на друг бог! 10 Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја: отвори ја твојата уста и ќе ја наполнам! 11 Но Мојот народ не го слушаше Мојот глас, Израел не Ме послуша. 12 Затоа го оставив на неговото окоравено срце: нека оди како што му се сака! 13 О, кога Мојот народ би Ме слушал, кога Израел би чекорел по Моите патишта, 14 брзо би ги покорил неговите непријатели, Својата рака би ја свртел против неговите противници. 15 Тие што го мразат сега, би му се додворувале, и нивната судбина би била запечатена засекогаш. 16 А Својот народ би го хранел со најдобрата пченица, и би го сител со мед од пештерите.”
1 Асафов псалм. Бог стои во соборот на боговите, одржува суд среде боговите. 2 „До кога ќе судите неправедно, ќе им одите на рака на безбожниците? 3 Заштитувајте ги: бедниот и сирачето, дајте им правда на јадникот и сиромашниот! 4 Избавете го измачуваниот и слабиот, истргајте го од безбожни раце!” 5 Не сфаќаат ниту разбираат, одат во темнина: сите основи на земјата се разлулеани. 6 Навистина реков: „Вие сте богови и сите сте синови на Сèвишниот!” 7 Но ќе умрете како сите луѓе, ќе паднете како секој од големите!” 8 Боже, стани и суди ја земјата, зашто Си, со право, Господар на сите народи.
1 Песна. Асафов псалм. Господи, не молчи! Боже, не премолчувај и не мирувај! 2 Зашто еве: Твоите непријатели зовреа, а Твоите мразители ја креваат главата. 3 Се заверуваат против Твојот народ и се советуваат против Твоите штитеници. 4 Зборуваат: „Дојдете да ги истребиме, за да не бидат народ, нека не се спомнува повеќе името Израел!” 5 Навистина, едногласно се советуваат и склучија сојуз против Тебе: 6 Шаторите на Едом и Исмаилците, Моавците и Агарјанците, 7 Гевал, Амон и Амалик, Филистимците со жителите на Тир. 8 И Асирците се здружија со нив, им подадоа рака на Лотовите потомци. 9 Направи им како на Мадијамците, како на Сисара и на Јавина при потокот Кисон: 10 кои загинаа близу Ен-Дор и станаа гној за нивите. 11 Направи ги нивните кнезови како Орив и Зив, сите нивни водачи нека бидат како Зевеј и Салман, 12 што викаа едногласно: „Да ги освоиме Божјите краишта!” 13 Дај, О Боже, да бидат како завиорен прав, како плева што ветерот ја носи. 14 Како што огнот ја голта гората, како што пламенот ги изгорува шумите, 15 гони ги така со Својата бура, исплаши ги со Својот виор! 16 Покри им го лицето со срам, за да го бараат Твоето име, Господи! 17 Нека се засрамат и плашат засекогаш, нека се срамат и нека изгинат! 18 Нека знаат: Ти си, Чие Име е - Господ! Единствен, Сèвишен на целата земја.
1 За началник на пејачи. На гетски свиралки. За Корееви синови. Псалм. Колку се мили Твоите живеалишта, Господи над Воинствата! 2 Мојата душа гине и копнее по Господовите дворови. Моето срце и моето тело извикуваат кон живиот Бог. 3 И врапчето си наоѓа живеалиште и ластовичката гнезденце, каде ќе ги положи своите пилиња: Твоите жртвеници, Господе, над Воинствата, Царе мој, и Боже мој! 4 Блажени се оние што престојуваат во Твојот дом, славејќи Те непрекратно! 5 Блажен е човекот, чија сила е во Тебе, додека се подготвува за свети патишта! 6 Минуваат ли низ сува долина, ја претворуваат во извор на вода, и првиот дожд ја облекува со благослов. 7 Минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога во Сион. 8 Господи, Боже над Воинствата, чуј ја мојата молитва, послушај, Јаковов Боже! 9 Ете, о Боже, штиту наш, погледај го лицето на Својот помазаник! 10 Вистина, еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците. 11 Господ, Бог, е сонце и штит: Тој дава благодат и слава. Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност. 12 Господи над Воинствата, блазе му на оној што се надева на Тебе.
1 За началникот на пејачите. За Корееви синови. Псалм. Господ ја засака пак Својата земја, кон добро ја заврте Јакововата судбина. 2 Му ги прости беззаконијата на Својот народ, ги покри сите негови гревови. 3 Ја воздржа сета Своја лутина, се откажа од Својот распален гнев. 4 Обнови нè Боже, Спасителе наш, и отфрли ја зловолјата против нас! 5 Зар ќе се гневиш довека на нас! Преносувајќи ја Својата насрденост од род на род? 6 Зар нема да нè оживееш пак, за да се радува Твојот народ во Тебе? 7 Господи, покажи ни ја Својата милост и дај ни го Своето спасение. 8 Да го послушам тоа што ми зборува Господ Бог: зашто Тој ќе им зборува за мир: на својот народ, на Своите избраници, но нека не се свртат пак кон безумие. 9 Навистина, близу е Неговото спасение за оние што се бојат од Него, и Неговата слава ќе живее во нашата земја. 10 Љубовта и вистината ќе се состанат, правдата и мирот ќе се прегрнат. 11 Вистината ќе никнува од земјата, правдата ќе гледа од небесата. 12 Да, Господ ќе даде добро, а нашата земја својот плод. 13 Правдата ќе врви пред Него, и ќе направи пат за Неговите стапки.
1 Давидова молитва. Господи, приклони го Своето уво и услиши ме, зашто сум беден и немоќен. 2 Чувај ја мојата душа, зашто сум Ти посветен на Тебе; спаси го Твојот слуга, што се надева на Тебе! 3 Ти мој Боже, о Господи, смилувај ми се, зашто постојано викам кон Тебе. 4 Развесели ја душата на Својот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја издигам својата душа. 5 Зашто Ти си, Господи, добар и проштаваш со задоволство, полн си со љубов кон сите, кои Те повикуваат. 6 Чуј ја, Господи, мојата молитва, и внимавај на гласот на мојот повик. 7 Во ден на неволја Те призовувам Тебе, зашто ќе ме послушаш. 8 Ти нема рамен меѓу боговите, Господи, нема дела какви што се Твоите. 9 Сите народи, што ги создаде, ќе дојдат и ќе Ти се поклонуваат о Господи, и ќе го прославуваат Твоето име. 10 Зашто Ти си величествен и правиш чудеса: Ти си Единствен Бог. 11 Научи ме на Својот пат, Господи, за да одам верен кон Тебе, обедини го моето срце, да се бои од Твоето име! 12 Ќе Те фалам Господи, мој Боже, со сето свое срце, ќе го славам Твоето име довека. 13 Зашто е изобилна Твојата љубов кон мене, ја истрга мојата душа од длабочините на Подземјето. 14 О Боже, гордите се кренаа против мене, многу силници го дебнат мојот живот, и Те немаат Тебе пред очите. 15 Но Ти си, Господи Боже, милостив и благ, спор на гнев, обилен во љубов и вистина. 16 Погледај на мене и смилувај ми се; дај му ја Твојата сила на Твојот слуга и спаси го синот на Твојата слугинка! 17 Дај ми милостиво знак на Твојата наклоност, за да видат моите мразители и да се засрамат, зашто Ти ми помогна, Господи, Ти ме утеши.
1 За Корееви синови. Псалм. Песна. Неговите основи се на светите гори. Господ ги љуби 2 Сионските Врати повеќе отколку сите Јаковови шатори. 3 Убавини се зборуваат за тебе, Божји граде! 4 „Ќе ги вбројам Раав (Египет) и Вавилон, меѓу оние што ме почитуваат; ете, Филистеј и Тир и етиопскиот народ - и тие се родени таму.” 5 За Сион се зборува: „Овој и оној е роден во него; Сèвишниот го утврдува!” 6 Господ ќе запише во книгата на народите: „Овие се родени таму.” 7 И ќе пеат играјќи коло: „Сите мои извори се во Тебе!”
1 Песна. Псалм. За Корееви синови. За началникот на пејачите на Махалат за понизност за пеење. Учење на Еман Езрахит. Господи, Боже на моето спасение, дење викам, а ноќе тажам пред Тебе. 2 Нека стигне мојата молитва до Тебе, приклони го Своето уво кон мојот повик. 3 Зашто мојата душа е наситена од страдања, мојот живот наближува кон Подземјето. 4 Ме вбројуваат кон оние, што слегуваат во гроб, станав сличен на немоќниот. 5 Моето легло е меѓу мртвите, како убиените што лежат во гробот, за кои веќе не се сеќаваш, од кои ја тргна раката. 6 Ме смести во длабока јама, во темнини, во бездна. 7 Тешко ме притиска Твојот гнев, и со сите Свои бранови ме прекриваш. 8 Ги оддалечи од мене моите познати, направи да им бидам гнасен: затворен сум, не можам да излезам. 9 Очите ми гаснат од тага: викам кон Тебе, Господи, секој ден, кон Тебе ја пружам раката. 10 Зар над мртвите ќе правиш чудеса? Зар сенките ќе станат и ќе Те фалат? 11 Зар во гробот се раскажува за Твојата милост? За Твојата вистина во Гибелта? 12 Зар во темнина се објавуваат Твоите чудеса и Твојата правда во Заборавот? 13 Сепак, јас викам кон Тебе, Господи, пред мугрите, со молитва Те претекнувам. 14 Зошто, Господи, ја отфрлаш мојата душа? Зошто го криеш лицето од мене? 15 Беден сум и умирам веќе од детството, изнемоштев, носејќи ги Твоите морничавости. 16 Преку мене минаа виорите на Твојот гнев, Твоите стравотии ме засекоа, 17 секој ден, ме опкружуваат како вода, сите заедно ме обиколуваат. 18 Ги оддалечи од мене: пријателот и другарот, мракот ми е единствен познаник.
1 Учење на Етан Езрахит. За Господовата љубов ќе пеам довека, Твојата вистина ќе ја проповедам низ сите поколенија. 2 Зашто реков: „Мојата љубов е создадена засекогаш!” Својата вистина ја втемели на небото: 3 „Склучив Завет со Својот избраник, Му се заколнав на Својот слуга Давид: 4 ќе го утврдам Твоето потомство довека, ќе го создадам твојот престол за сите родови.” 5 Небесата ги величаат Твоите чудеса, Господи, и Твојата верност во собранието на светите. 6 Зашто кој Му е рамен на Господа во облаците? Кој Му е сличен на Господа меѓу Божјите синови? 7 Бог е стравичен во собранието на светите, велик и страшен за сите околу Себе. 8 Господи, Боже над Воинствата, кој е како Тебе? Силен Си, Господи, и вистината Те опкружува. 9 Ти му заповедаш на бурното море, ја скротуваш силата на неговите бранови; 10 Ти го сосече и го згази Раав, со силна мишка ги распрсна Твоите непријатели. 11 Твои се небесата и Твоја е земјата, Ти го создаде земниот круг и сè што е на него; 12 Ти создаде север и југ, Тавор и Ермон се радуваат на Твоето име. 13 Твојата мишка е силна, раката цврста, десницата крената. 14 Правдата и справедливоста се основа на Твојот престол, љубовта и вистината чекорат пред Тебе. 15 Блазе му на народот свикнат со светите воскликнувања, тој оди во сјајот на Твоето лице, Господи. 16 Секогаш се радува во Твоето име, и со Твојата правда се воздига. 17 Зашто Ти си слава на неговата сила, по Твоја милост расте нашата сила. 18 Зашто Господ е наш штит, Израелевиот Светец е наш Цар. 19 Некогаш во видение им зборуваше на Своите свети: „На јунакот му ставив круна на главата, го издигнав избраникот од народот; 20 го најдов Давида, Својот слуга, го помазав со Своето свето масло, 21 за да остане Мојата рака секогаш со него и Мојата мишка да го крепи. 22 Нема да го надмудри непријател, ниту да го превали синот на беззаконието. 23 Ќе ги разбијам пред него неговите противници, ќе ги погубам неговите мразители. 24 Мојата верност и Мојата добрина ќе бидат со него, и во Мое име ќе му расте силата. 25 Ќе ја испружам неговата рака до морето, неговата десница до Реката. 26 Тој ќе Ме вика: *Татко мој! Боже мој и карпа на моето спасение.* 27 А Јас ќе го направам првороденец, најголем меѓу царевите на светот. 28 За него ќе ги запазам довека: Мојата милост и Мојот верен Сојуз. 29 Ќе го направам вечно неговото потомство, и неговиот престол како небесен ден. 30 Ако неговите синови го остават Мојот Закон и не одат според Моите наредби; 31 ако ги престапат Моите одредби и не ги чуваат Моите заповеди; 32 со прачка ќе го казнам нивното недело, со лути ударци нивната вина, 33 но нема да му ја одземам Мојата наклоност, ниту ќе ја прекршам Мојата вистина. 34 Нема да го нарушам Мојот Завет и не ќе го одречам Моето ветување. 35 Еднаш се заколнав во Мојата светост: нема да го измамам Давида. 36 Неговото потомство ќе остане довека, неговиот престол, пред Мене, како сонце. 37 Ќе остане довека како месечина, верен сведок на небото.” 38 А сега Ти го одби и го отфрли, многу се разгневи на својот помазаник. 39 Го презре Сојузот со Твојот слуга, и ја понизи до земја неговата круна. 40 Ги разурна сите негови ѕидови, ги фрли во урнатини неговите тврдини. 41 Го ограбуваат сите што ќе поминат, стана за исмејување на своите соседи. 42 Ја подигна десницата на неговите напријатели, и ги зарадува неговите противници. 43 Ја затапи острицата на неговиот меч, не му помогна во бојот. 44 Му стави крај на неговиот блесок, го обори на земја неговиот престол. 45 Ги скрати дните на неговата младост, го покри со срам. 46 До кога, Господи? Зар ќе се криеш секогаш? Дали Твојот гнев ќе гори како оган? 47 Спомни си колку е краток мојот живот, во каква суета ги создаде сите човечки синови. 48 Кој жив не ќе ја види смртта? Кој ќе ја запази душата од раката на Подземјето? 49 Каде е, Господи, Твојата исконска добрина, со која му се заколна на Давида, за Својата верност? 50 Сети се, Господи, за срамот на своите слуги: во срцето ја носам сета омраза на многубошците, 51 со која се нафрлаат Твоите непријатели, Господи, со која се нафрлаат на чекорите на Твојот помазаник. 52 Благословен да е Господ довека! Нека биде така. Амин.
1 Молитва на Мојсеј, Божји човек. Господи, Ти ни беше засолниште од род до род. 2 Пред да се родат планините, пред да суштествуваат копното и земскиот круг, од век до век, Боже, Ти си! 3 Смртниците ги враќаш во прав и велиш: „Вратете се, човечки чеда!” 4 Зашто илјада години во Твоите очи се: како вчерашниот ден што помина и како ноќната стража. 5 Ги растеруваш како утрински сон, тие се како трева, што се зеленее: 6 наутро цвета и сета се зеленее, а навечер се суши и вене. 7 Навистина, Твојот гнев нè подјадува и нè збунува Твојата лутина. 8 Нашите гревови ги стави пред Твоите очи, нашите потајни беззаконија во светлината на Твоето лице. 9 Зашто сите наши денови минаа со Твој гнев, како воздишка ги завршивме своите години. 10 Збирот на нашиот живот е седумдесет години, ако сме силни, и осумдесет; а повеќето од нив се мака и ништожност: зашто минуваат брзо, и ние летаме оттука. 11 Кој ќе ја мери жестокоста на Твојот гнев? Кој ќе проникне во Твојата лутина? 12 Научи нè да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце. 13 Врати се при нас, Господи! Па до кога? Биди им милостив на Своите слуги! 14 Насити нè наутро, со Својата милост, за да се радуваме и да се веселиме во сите наши дни! 15 Зарадувај нè за дните кога нè бичуваше, за годините кога страдавме многу! 16 Нека се покаже Твоето дело врз Твоите слуги и Твојата слава врз нивните деца. 17 Нека биде над нас добрината на Господа, нашиот Бог; дај ни да успее делото на нашите раце; нека успее делото на нашите раце.
1 Ти, Кој живееш под покрив на Сèвишниот, што се одморуваш во сенката на Сèдржителот, 2 речи му на Господа: „Прибежиште мое! Тврдино моја! Боже мој, на Кого се надевам!” 3 Зашто Тој ќе те ослободи од примката на ловецот, од гибелниот помор. 4 Ќе те заштити со Своите крила, и ќе се засолниш под Неговите крила. Неговата вистина е штит и закрила! 5 Не ќе се боиш од ноќен страв, ниту од стрелата што лета дење, 6 ни од поморот, што се поткрадува во темнина, ни од гибелта што опустува напладне. 7 И нека паѓаат илјади покрај тебе, десетици илјади до Твојата десница, но до тебе нема да се приближи! 8 Само штом погледнеш со окото, веќе ќе ја видиш платата на грешниците. 9 Зашто Господ е твое засолниште, го избра Сèвишниот за своја закрила. 10 Нема да те најде несреќата, неволјата нема да се приближи до твојот шатор. 11 Зашто им заповеда на Своите ангели, да те чуваат на сите твои патишта. 12 Ќе те носат на раце, за да не се сопнеш на камен. 13 Со ногата ќе газиш лав и лутица, ќе ги згазиш лавчето и змијата. 14 Ќе го избавам зашто ме љуби, ќе го закрилам зашто Го познава Моето име. 15 Ќе Ме повика, а Јас ќе го услишам, со него ќе бидам во неволја, ќе го спасам и ќе го прославам. 16 Ќе го наситам со многу денови, ќе му го покажам Моето спасение.
1 Псалм. Песна во саботен ден. Добро е да се слави Господ и да се пее на Твоето Име, Сèвишен; 2 да се навестува Твојата љубов наутро и Твојата верност ноќе; 3 на харфа со десет жици и на псалтир, со песна на лира. 4 Зашто Ти ме развесели со Твоите дела, о Господи. Ќе се радувам на делата од Твоите раце. 5 Колку се големи Твоите дела, Господи, и длабоки се Твоите замисли! 6 Безумниот човек не сознава, и неукиот не сфаќа. 7 И ако безбожниците никнуваат како трева, и ако цветаат сите, кои прават зло, одредени се за вечна пропаст; 8 а Ти, Господи, остануваш возвишен довека. 9 Навистина, Твоите непријатели, о Господи, Твоите врагови ќе пропаднат: ќе се распрснат сите, кои прават беззаконие. 10 Ми го воздигна рогот како во бивол, ме помаза со пречисто масло; 11 и моето око гледа од високо на непријателите, и моите уши слушаат за оние, кои стануваат против мене. 12 Праведникот цвета како палма, и расте како ливански кедар. 13 Засадените во Господовиот Дом цветаат во дворовите на нашиот Бог. 14 Тие и во старост донесуваат плодови: сочни и свежи: 15 за да навестат дека Господ е праведен; моја Тврдина - и нема неправда во Него.
1 Господ царува, облечен во величество, Господ облечен во сила и опашан: Вселената стои цврсто, нема да се разниша: 2 Твојот престол е утврден одамна, Ти си од вечноста! 3 Господи, реките ги издигнаа, реките ги издигнаа своите гласови; реките ги издигнаа своите бранови. 4 Појак од шумот на многуте води, посилен од морските бранови: силен е Господ во висините. 5 Твоите сведоштва се предостојни за вера, светоста е украс на Твојот Дом, Господи за секогаш!
1 Боже, одмазднику, Господи, Боже одмазднику, покажи се: 2 стани Ти, Судија на земјата, плати им на гордите, според заслугата! 3 До кога грешниците, о Господи, до кога грешниците ќе ликуваат? 4 Тие зборуваат дрски зборови, беззакониците се фалат. 5 Го угнетуваат Твојот народ, Господи, и го притискаат Твоето наследство; 6 убиваат вдовица и туѓинец, им го одземаат животот на сирачињата. 7 И зборуваат: „Господ не гледа! Не забележува Јакововиот Бог!” 8 Разберете, безумници во народот: глупци, кога ќе се вразумите? 9 Не слуша ли Оној, што го засадил увото? Не гледа ли Оној, Кој го создаде окото? 10 Не казнува ли Оној, Кој ги воспитува народите? Оној, Кој ги учи луѓето на мудрост? 11 Господ ги знае човечките мисли, тие се празни. 12 Блажен е човекот, кого Ти го поучуваш, Господи, и го учиш на Својот Закон: 13 да му дадеш мир во несреќни денови, додека се копа гроб за злочинецот. 14 Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и не ќе го напушти Своето наследство; 15 зашто правдата ќе и биде досудена на справедливоста, и по неа ќе одат сите со чисти срца. 16 Кој ќе стане, за мене, против злосторникот? Кој ќе се заземе за мене, против злочинците? 17 Ако Господ не ми помагаше, брзо ќе слезев во место на тишина. 18 Штом помислам: „Ногата ми се подлизнува,” о Господи, Твојата добрина ме потпира. 19 Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата. 20 Зар е безбожното судилиште во Сојуз со Тебе, кога создава неправда со помош на законот? 21 Само нека ја притискаат душата на праведниот, нека осудуваат невина крв. 22 Господ ми е тврдина, Бог - засолниште на моето прибежиште. 23 Ќе им плати за нивното беззаконие, ќе ги истреби со нивната злоба, ќе ги истреби Господ, нашиот Бог.
1 Дојдете, да Му запееме на Господа, да Му воскликнуваме на Тврдината, на Својот Спасител! 2 Да застанеме пред Неговото лице со благодарности, да Му воскликнуваме со песни! 3 Зашто величествен е Господ, нашиот Бог, велик Цар над сите богови. 4 Во Неговите раце се земските длабочини, Негови се планинските височини. 5 Негово е морето, Тој го создаде, и копното, што го направија Неговите раце. 6 Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да Му се поклониме на Бога, нашиот Создател. 7 Зашто Тој е наш Бог, а ние народ на Неговото пасиште, овци што Тој ги чува. О послушајте Му го гласот денес: 8 „Не бидете со тврди срца како во Мерива, како во денот кога Ме искушувавте во пустината, 9 кога вашите татковци Ме испитуваа, а иако ги видоа Моите дела. 10 Четириесет години ме јадосуваше тоа поколение, па реков: Народ се со непостојано срце, и не врват по Моите патишта. 11 Затоа се заколнав во Мојот гнев: Никогаш нема да влезат во Мојот покој!”
1 Пејте Му на Господа нова песна! Пеј Му на Господа цела земјо! 2 Пејте Му на Господа, благословувајте Го Неговото име! Проповедајте го од ден на ден, Неговото спасение, 3 кажувајте им ја на многубошците Неговата слава, на сите народи Неговите чуда. 4 Зашто Господ е велик, предостоен за фалба, пострашен е од сите богови! 5 Ништожни се сите богови на народите. Господ ги создаде небесата! 6 Пред него се: славата и величието, силата и красотата во Неговото Светилиште. 7 Дајте Му на Господа, племиња на народите, дајте Му на Господа, слава и сила! 8 Дајте Му ја на Господа славата на Неговото име! Принесете жртви и влезете во Неговите дворови, 9 поклонете Му се на Господа во сјајот на Неговата светост. Трепери пред Неговото лице, цела земјо! 10 Нека се зборува меѓу многубошците: „Господ царува!” Затоа вселената е цврста и нема да се измести, праведно управува со народите. 11 Веселете се, небеса, и радувај се земјо! Нека шуми морето и што е во него! 12 Нека се радува полето и што е во него, нека пеат радосно горските дрвја, 13 пред Господа, зашто доаѓа, зашто доаѓа да и суди на земјата. Ќе му суди на светот со правда и на народите според Својата вистина.
1 Господ царува: нека се радува земјата; нека се веселат многубројните острови! 2 Облак и темнина Го обвиваат наоколу; правдата и судот се основа на Неговиот престол. 3 Оган оди пред Него и ги изгорува Неговите непријатели отсекаде. 4 Секавиците Му ја осветлуваат вселената, земјата го гледа тоа и трепери. 5 Планините се топат, пред Господа, како восок, пред Владетелот на целата земја. 6 Небесата ја навестуваат Неговата правда, сите народи ја гледаат Неговата слава. 7 Нека се засрамат сите што се поклонуваат пред слики и кои се фалат со идоли. Поклонете Му се, сите богови! 8 Сион слуша радосно, и Јудините ќерки извикуваат весело, заради Твоите судови, о Господи! 9 Зашто Ти си, о Господи, Сèвишен над целата земја, високо, високо, над сите богови. 10 Господ ги љуби оние, кои го мразат злото, Тој ги чува душите на Своите свети, ги избавува од рацете на нечесните. 11 Светлината се излева врз праведникот и радост за чистите во срцето. 12 Радувајте се, праведници, во Господа, славете Го Неговото свето Име.
1 Воспејте Му на Господа нова песна, зашто направи чудесни дела. Неговата десница и Неговата света мишка Му извојуваа победа. 2 Господ го објави Своето спасение, ја откри Својата правда пред народите. 3 Си спомна за милоста и верноста кон Израелевиот Дом. Сите краишта на земјата го видоа спасението на нашиот Бог. 4 Воскликни Му на Господа, цела земјо; радувај се, викај весело и пеј! 5 Запејте Му на Господа со псалтир, со псалтир и со глас на псалмопеење; 6 со звуците на трубите и роговите: викајте радосно пред Царот - пред Господа! 7 Нека шуми морето и што е во него, земјата и нејзините жители! 8 Нека ракоплескаат реките, нека се радуваат ридовите, заедно со нив! 9 Зашто Господ доаѓа, доаѓа да и суди на земјата. Ќе и суди на вселената по правда и на народите по правина.
1 Господ царува - нека треперат народите; седи над херувите, нека се потресе земјата! 2 Господ е велик на Сион, возвишен над сите народи. 3 Нека го слават Твоето велико и страшно име: тоа е свето! 4 Ти си моќен Цар, Кој љубиш што е право, Ти ја утврди праведноста; Ти извршуваш правда и справедливост во Јакова. 5 Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, поклонувајте се пред Неговото подножје. Тоа е свето. 6 Мојсеј и Арон, меѓу Неговите свештеници, и Самоил, меѓу оние кои го повикуваат Неговото име: Го викаа Господа, и Тој ги послуша. 7 Им зборуваше од облачен столб; ги слушаа Неговите заповеди и повелбите што ги даде. 8 Господи, Боже наш, Ти ги послушуваше; Ти беше Бог кој им простува, иако ги казнуваше нивните гревови. 9 Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, почитувајте Го во Неговата Света Гора, зашто Господ нашиот Бог, е свет.
1 Воскликнувај Му на Господа, цела земјо! 2 Служете Му на Господа со веселба! Дојдете пред Неговото лице со радосни извикувања! 3 Знајте дека Господ е Бог: Тој нè создаде, и ние сме Негови, Негов народ сме и овци на Неговото пасиште. 4 Влезете: со благодарници во Неговата врата; со песни во Неговите дворови; фалете Го, славете Му Го името! 5 Зашто Господ е благ, Неговата милост е довека, Неговата вистина од род до род.
1 Давидов псалм. Да запеам за добрината и правдата, да Ти засвирам, Тебе, Господи! 2 Ќе размислувам за патот на совршенството: кога ќе дојдеш при мене? Ќе одам со невино срце во својот дом. 3 Не ќе оставам, пред моите очи, ништо подмолно. Мразам човек кој прави зло: тој не ќе биде покрај мене. 4 Развратно срце ќе биде далеку од мене; не сакам да знам за ништо нечесно. 5 Кој го клевети скришно својот ближен, него ќе го погубам. Човек со горди очи и со надуено срце јас не трпам. 6 Погледот го свртувам кон верните на земјата, за да живеат со мене. Кој оди по прав пат, тој ќе ми служи. 7 Не ќе живее во мојот дом, кој постапува подмолно. Кој зборува лага, нема да остане пред моите очи. 8 Секој ден ќе ги сотирам сите злосторници во земјата; ќе ги истребам од Господовиот Град, сите што прават беззаконие.
1 Молитва на страдалник, кога тој тажи и ја излива својата тага пред Господа. Господи, послушај ја мојата молитва, и мојот повик нека стигне до Тебе! 2 Не го криј Твоето лице од мене, во денот на мојата неволја! Наведни го Твоето уво кон мене: во денот кога ќе Те повикам, послушај ме бргу! 3 Зашто моите денови исчезнуваат како дим, а моите коски горат како оган. 4 Моето срце се суши како косена трева и заборавам да го јадам мојот леб. 5 Од моите силни офкања, моите коски се долепија до мојата кожа. 6 Сличен сум на несит во пустина, станав како буф во пуста урнатина. 7 Лишен сум од сон, како осамено врапче на покривот. 8 Секојдневно ме укоруваат моите непријатели, тие што беснеат на мене, проколнуваат со моето име. 9 Јадам пепел како леб, а својот пијалак го мешам со солзи, 10 заради Твојата лутина и гневот, зашто ме воздигна и ме фрли. 11 Моите денови се како издолжена сенка, а јас, ете, се сушам како трева. 12 А Ти, о Господи, остануваш довека, и Твоето име низ сите родови. 13 Стани, смилувај му се на Сион: Време е да му се смилуваш, сега е часот! 14 Зашто мили им се неговите камења на твоите слуги, ги жалат неговите урнатини. 15 Тогаш, Господи, многубошците ќе се бојат од Твоето име, и сите цареви на земјата од Твојата слава. 16 Кога Господ пак ќе го изгради Сион, кога ќе се покаже во Својата слава, 17 кога ќе погледне кон молитвите на лишените, и не ја презре нивната молитва. 18 Нека се запише ова за идното поколение, и луѓето што ќе бидат создадени, ќе Го фалат Господа. 19 Зашто Бог гледа од Своето возвишено светилиште, гледа од небесата кон земјата, 20 за да ги чуе воздишките на затворените, за да ги ослободи осудените на смрт, 21 за да се навести Господовото име на Сион, и Неговата фала во Ерусалим, 22 кога ќе се соберат народите и царствата, за да Му служат на Господа. 23 Патем ги истроши моите сили, ми ги скрати деновите. 24 Реков: „Мој Боже, не ме земај во средина на моите дни! Твоите години остануваат низ сите поколенија. 25 Во почетокот ја основа земјата и небото е дело на Твоите раце. 26 Тие ќе исчезнат, а Ти ќе останеш, сè ќе остарее како облеката. Ги менуваш како облеките, и ги снемува. 27 Ти си секогаш ист - нема крај на Твоите години. 28 Децата на Твоите слуги ќе живеат во мир, и нивното потомство ќе трае пред Тебе.”
1 Давидов псалм. Благословувај Го Господа, душо моја, и сè што е во Мене: Неговото свето име! 2 Благословувај Го Господа, душо моја, и не заборави ги Неговите добротворства: 3 Тој ги проштава сите твои гревови, Тој ги исцелува сите твои болести; 4 Тој ти го спасува животот од распадливост, те овенчува со добрина и љубов; 5 Ти го исполнува животот со добрини, твојата младост се обновува како на орелот. 6 Господ прави праведни дела, и на угнетуваните им ја враќа правдата, 7 на Мојсеј му ги објави Своите патишта, на Израелевите синови Своите дела. 8 Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многу милостив. 9 Не е јаросен за вечни времиња, ниту Неговиот гнев пламнува довека. 10 Не постапува со нас според нашите гревови, ниту ни плаќа според нашите беззаконија. 11 Зашто колку е небото високо над земјата, толку е голема Неговата милост кон оние што се бојат од Него. 12 Колку е исток далеку од запад, толку ги оддалечува од нас нашите беззаконија. 13 Како што таткото ги милува синовите, така Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. 14 Зашто знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав. 15 Човековите денови се како трева, цветаат како полски цвет; 16 штом ветерот ќе го допре, и веќе го нема, ни неговото место не го помни. 17 Но Господовата љубов е вечна над оние кои се бојат од Него, и Неговата правда над синовите на синовите, 18 над оние што го чуваат Неговиот завет, и ги помнат Неговите заповеди, за да ги исполнат. 19 Господ го постави Својот престол на небо, и Неговото Царство владее над сè. 20 Благословувајте Го Господа, сите Негови ангели, вие моќни во силата, кои го исполнувате Неговиот збор, послушни на гласот од Неговото слово! 21 Благословувајте Го Господа, сите Негови воинства, Негови слуги, што ја исполнувате Неговата волја! 22 Благословувајте Го Господа, сите Негови дела, во секое место на Неговото владеење! Благословувај Го Господа, душо моја!
1 Благословувај Го Господа, душо моја! Господи, Боже мој, Ти си многу велик! Облечен си со величество и убавина! 2 Наметнат со светлина како со наметка! Небото го оптегна како шатор, 3 ги изгради Твоите дворци над водите. Ја правиш Својата кола од облаци, патуваш врз крилјата на ветровите. 4 Ги правиш ангелите Свои духови, а вжарениот оган за Твои слуги. 5 Земјата ја постави врз нејзините основи, не ќе се разлулее низ вечни времиња. 6 Ја покри со водени бездни како со облека, водите стоеја над планините; 7 се повлекоа од Твоите заканувања, се стресоа од Твоето грмење. 8 Планините се издигнаа, долините се спуштија, на местото што им го одреди. 9 Ја одреди границата, што не смеат да ја преминат, за да не ја покријат пак земјата. 10 Изворите ги навртуваш во потоци, што шумат меѓу планините. 11 Тие ги напојуваат сите полски животни, дивите ослиња ја гаснат жедта во нив. 12 Небесните птици се гнездат покрај нив, и пеат меѓу гранките. 13 Ти ги натопуваш планините од Твоите дворци, земјата се наситува од плодовите на Твоите раце. 14 Ти правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата. 15 И вино, што го развеселува човечкото срце; да го освежи лицето со масло, и лебот да го зајакне човековото срце. 16 Господовите дрва се наситија со храна, ливанските кедри, што Тој ги посади. 17 Таму се гнездат птиците, а елките се живеалиште на штркот. 18 Високите планини им даваат засолниште на дивите кози, а пештерите на јазовците. 19 Ти ја создаде месечината, за да ги означува времињата, и сонцето знае каде треба да зајде. 20 Кога ја распростираш темнината и ноќта се спушта, тогаш низ неа скришно шетаат горските животни. 21 Лавчињата рикаат по плен и бараат храна од Бога. 22 Штом сонцето ќе огрее, ги снемува и легнуваат во своите легла. 23 Тогаш човекот излегува на дневна работа, и на труд до вечерта. 24 Колку се бројни Твоите дела, о Господи! со мудрост направи сè: земјата е полна со Твои созданија. 25 Ене го големото и широко море, низ него се движат безбројни лазачи, мали и големи животни. 26 Оттаму поминуваат кораби, морското чудовиште, што го создаде да се игра во него. 27 И сите овие чекаат на Тебе, за да ги нахраниш на време. 28 Ако им даваш, тогаш собираат. Ако ја отвориш раката, се наситуваат со блага. 29 Скриеш ли го Своето лице, тогаш се растажуваат; ако им го одземеш здивот, умираат и пак се враќаат во прав. 30 Го испраќаш Својот Дух, пак се создаваат, и така го обновуваш лицето на земјата. 31 Нека трае довека Господовата слава: нека се радува Господ во Своите дела! 32 Тој ја погледна земјата, и таа се стресе, кога ги допира планините, тие се задимуваат. 33 Ќе Му пеам на Господа додека сум жив, ќе Му свирам на мојот Бог додека суштествувам. 34 Ќе Му биде мило моето размислување! Јас ќе се радувам во Господа. 35 Нека ги снема грешниците од земјата, и нека ги нема веќе беззакониците! Благословувај Го Господа, душо моја! Алилуја!
1 Славете Го Господа, повикувајте Го Неговото име, навестувајте ги Неговите дела меѓу народите! 2 Пејте Му, свирете Му, раскажувајте ги сите Негови чудеса! 3 Фалете се со Неговото свето име, нека се радува срцето на оние, кои Го бараат Господа! 4 Барајте Го Господа и Неговата сила, барајте Го секогаш Неговото лице! 5 Спомнете си за чудесата што ги направи, за чудата и за судовите на Неговата уста! 6 Авраамовиот род е Негов слуга, Јакововите синови Негови избраници! 7 Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја! 8 Тој си спомнува секогаш за Својот Завет, за словото што им го кажа на илјади поколенија: 9 за Заветот што го склучи со Авраам, и за Својата заклетва на Исак. 10 Го воспостави како закон за Јакова, вечен Завет за Израел, 11 зборувајќи: „Тебе ќе ти ја дадам Ханаанската Земја, како дел во вашето наследство.” 12 Кога уште беа малку на број, многу малку, и кога беа придојденици во неа, 13 одеа од народ до народ, од едно царство кон друг народ. 14 Но не остави никого да ги угнетува, ги казнуваше царевите заради нив: 15 „Не гибајте ги Моите помазаници, не нанесувајте им зло на Моите пророци!” 16 И Тој го повика гладот на земјата, ги уништи сите житници за леб. 17 Испрати човек пред нив: Јосиф беше продаден во ропство. 18 Ги врзаа со окови неговите нозе, вратот му го ставија во железо. 19 Додека не се исполни неговото пророштво, за да се потврди Господовото слово. 20 Царот нареди да го одврзат, управителот на народите го ослободи. 21 Го постави за домаќин на својот дом, за управител на сиот свој имот. 22 Да ги врзува кнезовите по своја волја, и да ги учи неговите старци на мудрост. 23 Тогаш Израел влезе во Египет, Јаков се пресели во Хамовата Земја. 24 Го умножи многу Својот народ, го направи посилен од непријателите. 25 Им го сврти срцето за да го замразат Неговиот народ, за да бидат лукави кон Неговите слуги. 26 Го испрати Мојсеја, Својот слуга, Арона, кого го одбра. 27 Ги правеа Неговите знаци меѓу нив и чудеса во Хамовата Земја. 28 Испрати темнина, и се смрачи, но тие не се противеа на Неговите зборови. 29 Им ги претвори водите во крв и ги помори нивните риби. 30 Заврвеа жаби низ нивната земја, проникнаа и во царските соби. 31 Рече: и рој муви долета, и комарци во сите нивни краишта. 32 Место дожд им даде град, огнени секавици во нивната земја. 33 Ги удри нивните лозја и смокви, ги искрши дрвата во нивните предели. 34 Рече: и скакулци дојдоа и безбројни гасеници со нив. 35 Ги изедоа сите растенија во нивната земја, го изедоа плодот на нивните ниви. 36 Ги порази сите првороденци во нивната земја, сите прваци на нивната сила. 37 Ги изведе со сребро и злато; во нивните племиња немаше болни. 38 Египет се зарадува на нивното заминување, зашто го опфати страв од нив. 39 Го распростре облакот како покрив, и оган да свети во ноќта. 40 Замолија, и доведе препелици, со небески леб ги нахрани тогаш. 41 Ја расцепи карпата, и вода извираше, потече како река низ пустината. 42 Тогаш се сети за Своето ветување, што му го даде на Својот слуга Авраам. 43 Го изведе Својот народ со воскликнување и со веселба Своите избрани. 44 И им ја даде многубожечката земја, го наследија трудот на народите, 45 за да ги чуваат Неговите повелби и да ги пазат Неговите закони. Алилуја!
1 Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е благ! Зашто е вечна Неговата милост! 2 Кој може да ги искаже Господовите моќни дела? Кој ли ќе Му ги разгласи сите Негови пофалби? 3 Блажени се оние, кои ги држат Неговите наредби и кои прават правда во секое време! 4 Спомни си за мене, Господи, според добрината кон Својот народ, посети ме со Своето спасение, 5 за да ја уживам среќата на Твоите избраници, за да се радувам со радоста на Твојот народ, за да се фалам со Твоето наследство. 6 Згрешивме како нашите татковци, правевме беззаконија, работевме безбожно. 7 Нашите татковци во Египет, незагрижени за Твоите чудеса, не си спомнуваа за Твојата голема милост, туку се побунија крај морето, крај Црвеното Море. 8 Но Тој ги избави заради Своето Име, за да ја покажеш Својата сила. 9 Му заповеда на Црвеното Море и тоа пресуши, ги преведе меѓу брановите како низ пустина. 10 Ги избави од рацете на нивните мразители, ги ослободи од рацете на душманите. 11 И водите ги покрија нивните непријатели, не остана ниеден од нив. 12 Тогаш поверуваа на Неговите зборови и Му пееја пофалби. 13 Но речиси ги заборавија Неговите дела, не се надеваа на Неговата волја. 14 Се полакомија многу во пустината, Го искушуваа Бога во осаменост. 15 И им даде што бараа, но им испрати треска во нивните души. 16 Му завидеа тогаш на Мојсеја, во логорот, на Арона, Господовиот светија. 17 Земјата се отвори и го голтна Датана, и ја покри Авироновата дружина. 18 Оган падна врз сета негова дружба и пламенот ги изгоре злотворите. 19 Направија теле во Хорив, му се поклонуваа на лик излеан од злато. 20 Ја заменија својата Слава со лик на бик, што јаде трева. 21 Го заборавија Бога, Спасителот свој; во Египет, правејќи знаци 22 и чудеса во Хамовата Земја, и стравотии при Црвеното Море. 23 Веќе намисли да ги сотре, но Мојсеј, Неговиот избраник, се зазеде за нив, за да Му го одврати гневот и да не ги уништи. 24 Ја презреа тие пожелуваната земја, не верувајќи Му на Неговото слово. 25 Роптаа под своите шатори, не го послушаа Господовиот глас. 26 Се заколна тогаш со крената рака: ќе ги покоси сите во пустината, 27 ќе го распрсне нивното поколение меѓу народите, ќе ги растури нив по земјата. 28 Му се посветија на Валфегора и јадоа жртви за мртвите. 29 Го предизвикаа со своите зли дела, и Тој фрли на нив помор. 30 Но стана Финес, и Го умилостиви, и поморот го снема тогаш. 31 Тоа му се засмета за заслуга, во сите поколенија довека. 32 Го разгневија пак кај Меривските Води, и зло го погоди Мојсеја заради нив, 33 зашто му го огорчија духот, изусти невнимателен збор. 34 И не ги истребија народите, за кои Господ им беше наредил. 35 Се измешаа со многубошците, ги научија нивните дела; 36 ги почитуваа нивните ликови, што им станаа стапица. 37 Им ги жртвуваа своите синови и своите ќерки на демоните. 38 Пролеваа невина крв, крвта на своите синови и ќерки, што ги жртвуваа на ханаанските ликови. Земјата беше онечистена од крв, 39 се извалкаа со своите дела, направија прељуба со своите зли дела. 40 Господ пламна со гнев на Неговиот народ, Му се згнаси Неговото наследство. 41 Ги предаде во рацете на многубошците, и нивните мразители управуваа над нив. 42 Непријателите ги измачуваа и ги угнетуваа со својата рака. 43 Ги избавуваше пречесто, ама Го разјарија со своите совети: беа покосени заради своите беззаконија. 44 Тој погледна пак на нивната неволја, кога ги чу нивните молитви 45 и се сети за Својот Завет со нив, се сожали на нив во Својата голема милост. 46 Направи да најдат милост кај оние, што ги пленија. 47 Спаси нè, Господи, наш Боже, и собери нè од безбожните народи, за да Го славиме Твоето свето Име, за да се фалиме со Твојата Слава. 48 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ нека рече: „Амин! Алилуја!”
1 Славете Го Господа, зашто е благ, зашто Неговата милост е вечна! 2 Така нека речат сите избавеници, кои Господ ги избави од непријателските раце, 3 и кои ги собра од сите земји: од исток и запад, од север и југ. 4 Скитаа низ пустината, во пуста осаменост, не наоѓајќи пат до населен град. 5 Беа гладни, изморени од жед, душата истоштена во нив. 6 Тогаш извикаа на Господа во својата тешкотија, и Тој ги избави од сите неволји. 7 Ги поведе по правиот пат, за да стигнат до населен град. 8 Нека Го слават Господа за Неговата милост, за Неговите чудеса кон човечките синови, 9 зашто Тој ја насити гладната душа, Тој ја наполни со добрина изгладнетата душа. 10 Седеа во мрак и во темнина, оковани со беда и со железо, 11 зашто и се противеа на Божјата беседа и го презреа наумот на Сèвишниот. 12 Заради тоа им го скрши срцето со страдања, се слизнуваа, а немаше никој да им помогне. 13 Тогаш извикаа кон Господа во својата тешкотија, и Тој ги спаси од сите неволји. 14 Ги изведе од мрак и од темнина, ги скина нивните окови. 15 Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови! 16 Зашто ја разби бронзената врата и ги скрши железните лостови. 17 Неразумните се мачеа заради своите бунтовни патишта, поради своите безумности, се мачеа. 18 Секое јадење и се гадеше на нивната душа, дојдоа до вратата на смртта. 19 Тогаш извикаа кон Господа, во својата беда, и Тој ги спаси од сите неволји. 20 Го испрати Своето слово, за да ги оздрави, и за да им го спаси животот од гробната јама. 21 Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови! 22 Нека принесуваат благодарни жртви, и воскликнувајќи нека ги раскажуваат Неговите дела. 23 Тие кои забродија со бродови по морето, да тргуваат по силните води: 24 тие ги видоа Господовите дела, Неговите чудеса во длабочните. 25 Тој рече и буроносниот ветер се завиори, што ги крева морските бранови во височина. 26 Се креваа до небо, се спуштаа во бездна. Душата им гинеше во неволја. 27 Се лулаа и се слизнуваа како пијани, сета мудрост ги изневери. 28 Тогаш извикаа кон Господа во својата тешкотија и Тој ги истрга од сите неволји. 29 Ја смири бурата со тивко ветерче, морските бранови молкнаа. 30 Се израдуваа на тишината, Тој ги поведе во желно пристаниште. 31 Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови! 32 Нека Го возвишуваат во народното собрание, Нека Го фалат во советот на старците! 33 Тој ги претвори: реките во пустина, а водните извори во жедна земја; 34 плодоносната земја во солена пустина, заради лошотијата на нејзините жители. 35 Тој ја претвори пустината во езеро, а сувата земја во водени извори. 36 И ги насели таму изгладнетите, па изградија град каде ќе живеат. 37 Ги засеаја нивите, ги засадија лозјата, што им донесоа изобилни плодови. 38 И Тој ги благослови, па се намножија многу, и стадата не им се намалија. 39 Беа проредени и презрени, под товарот на страдањата и неволјите. 40 Оној Кој излива презрение кон кнезовите, ги пушти да скитаат по пусти патишта. 41 Го издига бедниот од неволја и ги умножи семејствата како стадо. 42 Гледајќи го тоа, нека се радуваат чесните, а беззаконикот нека си ја затвори устата! 43 Кој е мудар, нека размисли за сè тоа и нека ја согледа Господовата милост.
1 Песна. Давидов псалм. Моето срце е непоколебливо, Боже, ќе пеам и ќе свирам со душата моја. 2 Разбуди се, псалтиру и харфо! Ќе ја разбудам утринската зора. 3 Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Ти пеам меѓу племињата, 4 зашто Твојата добрина е повисока од небото, Твојата вистина е до облаците. 5 Возвиши се, Боже, над небесата, Твојата Слава нека е над целата земја! 6 За да се избават Твоите возљубени, спаси со Својата десница, и услиши ме! 7 Бог рече во Своето Светилиште: „Ќе го разделам Сихем, воскликнувајќи, ќе ја измерам долината Сокхот. 8 Мој е Галад, Мој и Манасиј, Ефрем Ми е кацига, Јудеја - Мое жезло! 9 Моав Ми е мијалник, Мојата обувка ќе ја фрлам врз Едом, ќе ја славам победата над Филистејците!” 10 Кој ќе ме доведе до утврдениот град? Кој ќе ме доведе до Едом? 11 Зар не сакаш Ти, о Боже, што нè отфрли? Зар не сакаш повеќе, Боже, со нашите чети? 12 Помогни ни против непријателите, зашто е ништожна човечката помош! 13 Храбро ќе се бориме, со Божја помош, Бог ќе ги згази нашите непријатели.
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Боже, моја славо, не молчи! 2 Безбожничка и измамлива уста се отвори против мене, зборува со лажлив јазик, 3 ме опкружува со зборови на омраза, ме напаѓа без причини. 4 Тие ме оптужуваат за мојата љубов, а јас само се молам. 5 Ми враќаат зло за добро, омраза за мојата љубов. 6 Крени го безбожникот против него и тужителот нека му застане оддесно! 7 Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата да му се земе за грев! 8 Неговите денови нека бидат малубројни, неговата служба нека ја добие друг! 9 Неговите деца нека останат сираци, а неговата жена вдовица! 10 Неговите деца нека бидат скитници, просјаци, нека бидат исфрлени од опустени домови! 11 Заемодавачот нека му го присвои сиот имот, туѓинците нека го разграбаат плодот на неговата мака! 12 Никој нека нема сомилост кон него, никој да не им се смилува на неговите сираци! 13 Нека му се затре потомството, во второ колено нека згасне неговото име! 14 Да си спомнува Господ за неговите гревови, и гревот на мајка му нека не биде избришан: 15 нека бидат секогаш пред очите на Господа! Нека се избрише нивниот спомен од земјата; 16 зашто не се сети да прави милостина, туку ги гонеше бедните и немоќните и го тераше во смрт човекот со разбиено срце. 17 Го сакаше проклетството, па нека го стигне, не сакаше благослов, нека е далеку од него! 18 Нека се облече со проклетство како со облека, нека влезе во него како вода, и како масло во неговите коски. 19 Да му биде облека со која се покрива, појас со кој се препашува секогаш! 20 Така нека им плати Господ на моите тужители, што зборуваат зло против мојата душа! 21 А Ти, Боже Господи, заземи се за мене, заради Своето Име, спаси ме, зашто е милостива Твојата љубов! 22 Зашто сум беден и сиромашен, и моето срце е рането во мене. 23 Јас исчезнувам како сенката што превалува, ме гонат како скакулец. 24 Колената ми се изнемоштени од пост и моето тело ослабе, без масло. 25 Им станав ним за укор, мрдаат со главата кога ќе ме видат. 26 Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме според Твојата добрина! 27 Нека знаат дека ова е Твојата рака и дека Ти, Господи, го направи тоа. 28 Тие нека колнат, Ти благословувај; нека се засрамат, кои се креваат против мене, а Твојот слуга нека се радува! 29 Нека се облечат со срам моите тужители, и со засраменост нека се покријат како со покривало! 30 Ќе Го славам Господа со сета уста и ќе Го фалам во големо мноштво, 31 зашто стои оддесно на сиромашниот, за да му ја спаси душата од судиите.
1 Давидов псалм. Господ Му рече на мојот Господ: „Седи оддесно, до Мене, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе!” 2 Господ ќе го испружи жезолот на твојата сила од Сион: „Владеј среде Твоите непријатели!” 3 Во денот на Твојата сила, Твојот народ е готов; во убавината на светината од утробата, пред деницата, Твојата младост е слична на росата. 4 Господ се заколна и нема да се покае: „Ти си свештеник, довека, по редот Мелхиседеков!” 5 Господ Ти е оддесно, Тој ќе ги порази царевите во денот на Својот гнев. 6 Тој ќе им суди на народите: ќе ја наполни земјата со трупови, ќе смачка глави во многу земји. 7 Патем ќе пие од потокот, затоа ќе ја крене главата.
1 Алилуја! Ќе Го славам Господа со сето свое срце во советот на праведниците, во нивната заедница. 2 Големи се Господовите дела, нека размислуваат за нив сите, што ги љубат. 3 Сјајно и величествено е Неговото дело, и Неговата правда останува довека. 4 Со Своите чуда, направи спомен, Господ е благ и милостив. 5 Им даде храна на Своите почитувачи, довека Си спомнува за Својот Завет. 6 Своите силни дела ги објави на Својот народ, им ја даде во наследство земјата на многубошците. 7 Делата на Неговите раце се: вистината и судот, сите Негови заповеди се постојани, 8 утврдени се за сите времиња, довека, создадени врз вистината и правдата. 9 Тој му испрати спасение на Својот народ, Го постави Својот Завет засекогаш: Свето е и страшно Неговото Име! 10 Почеток на мудроста е стравот од Господа! Мудро прават кои Го почитуваат. Неговата Слава трае довека!
1 Алилуја! Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кој ужива во Неговите заповеди; 2 неговото потомство ќе биде силно на земјата, благослов ќе почива врз праведното поколение. 3 Благосостојба и богатство ќе биде во неговиот дом, неговата правда ќе трае довека. 4 На чесните им изгрева светлина во темнина: Тој е благ, милостив и праведен. 5 Добро му е на човекот кој е милостив и дава на заем, кој ги свршува чесно своите работи. 6 Никогаш нема да се поколеба, праведникот ќе биде во вечен спомен. 7 Не ќе се плаши од лоши вести, мирно е неговото срце, надевајќи се на Господа. 8 Неговото срце е храбро, од ништо не се бои, тој го гледа паѓањето на своите непријатели. 9 Тој дели, изобилно им дава на бедните: неговата правда ќе трае довека, неговиот рог ќе се воздигне славно. 10 Грешникот ќе го гледа тоа налутено, ќе чкрта со забите и ќе венее, ќе пропадне желбата на нечесните.
1 Алилуја! Господови слуги фалете Го, фалете Го Господовото Име! 2 Благословено да е Господовото Име сега и довека! 3 Од изгрејсонце до зајдисонце фалено да е Господовото Име! 4 Господ е возвишен над сите народи, Неговата Слава ги надвишува небесата. 5 Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој седи во висините 6 и ги гледа, одозгора, небото и земјата? 7 Го воздига бедниот од правот, го вади сиромашниот од калта, 8 за да го седне со првенците, со првенците на Својот народ. 9 На неротката и дава да се настани во дом, како радосна мајка на деца.
1 Кога излезе Израел од Египет и Јакововиот дом од народот со туѓ јазик, 2 Јудеја Му стана светилиште, а Израел Негово Царство. 3 Морето виде и побегна, а Јордан се повлече назад. 4 Планините скокаа како овни и ридовите како јагниња. 5 Што ти е, море, што побегна? Јордане, зошто завртуваш назад? 6 Планини, зошто скокате како овни, и вие, ридови, како јагниња? 7 Трепери, земјо, пред Господовото лице, пред лицето на Јакововиот Бог. 8 Тој ја претворува карпата во водно езеро, и каменот во воден извор.
1 Не нам, Господи, не нам, туку на Твоето Име дај му Слава, заради Твојата милост и вистина. 2 Зошто да зборуваат многубошците: „Каде е сега нивниот Бог?” 3 Нашиот Бог е на небесата, прави сè што ќе Му се допадне. 4 Нивните идоли се сребро и злато, дело на човечките раце. 5 Уста имаат, а не говорат; очи имаат, а не гледаат; 6 уши имаат, а не слушаат; ноздри имаат, а не мирисаат; 7 раце имаат, а не фаќаат; нозе имаат, а не одат; глас не излегува од нивното грло. 8 Такви се и оние, што ги направија, и сите кои се надеваат на нив. 9 Израелев доме, надевај се на Господа! - Тој е нивни штит и помошник. 10 Аронов доме, надевај се на Господа! Тој е нивни штит и помошник. 11 Почитувачи Господови, надевајте се на Господа! Тој е нивни штит и помошник. 12 Господ ќе си спомни за нас, и Тој ќе нè благослови: ќе го благослови Израелевиот дом, ќе го благослови Ароновиот дом, 13 ќе ги благослови оние, кои се бојат од Господа, и малите и големите. 14 Да ве намножи Господ, вас и вашите синови! 15 Да ве благослови Господ, Кој ги создаде небото и земјата! 16 Небесата се Господови небеса, а земјата им ја даде на човечките синови. 17 Не, мртвите не Го фалат Господа, никој од оние, што слегоа во тишина. 18 Но ние, ние Го славиме Господа, сега и довека. Алилуја!
1 Го љубам Господа, зашто го слуша гласот на мојата молитва. 2 Го наведна Своето уво кон мене, затоа ќе го повикувам во моите денови. 3 Смртни болки ме опфатија, ме стегнаа примките на Подземјето, ме снајдоа тага и беда. 4 Тогаш го повикав Господовото Име: „О Господи, спаси го мојот живот!” 5 Господ е милостив и праведен, нашиот Бог е полн со милост. 6 Господ ги чува простодушните; бев во неволја, Тој ме избави. 7 Врати се, моја душо, во своето спокојство, зашто Господ е твој добротвор. 8 Тој ми го избави животот од смртта, моите очи од солзи, нозете од паѓање. 9 Ќе одам пред Господовото лице во земјата на живите. 10 Јас верувам и кога велам: „Многу сум несреќен.” 11 Реков, во својата збунетост: „Секој човек е лажец!” 12 Што да Му вратам на Господа, за сè што стори за мене? 13 Ќе ја земам чашата на спасението и ќе Го повикам Господовото Име. 14 Ќе ги исполнам на Господа сите мои завети, пред сиот Негов народ. 15 Скапоцена е во очите на Господа смртта на Неговите свети. 16 Господи, Твој слуга сум, Твој слуга, син на Твојата слугинка: Ти ги разврза моите окови. 17 Ќе Ти принесам Тебе благодарни жртви, ќе Го повикам Господовото Име. 18 Ќе ги исполнам на Господа сите свои завети, пред сиот Негов народ. 19 Во дворовите на Господовиот Дом, среде тебе, Ерусалиме. Алилуја!
1 Фалете Го Господа, сите народи, Славете Го, сите племиња! 2 Голема е Неговата милост кон нас, и Господовата вистина останува довека! Алилуја!
1 Алилуја! Благодарете Му на Господа, зашто е благ, зашто е вечна Неговата милост! 2 Нека рече Израелевиот дом: „Вечна е Неговата милост!” 3 Нека рече Ароновиот дом: „Вечна е Неговата милост!” 4 Нека речат сите што се бојат од Господа: „Вечна е Неговата милост!” 5 Го повикав Господа во тешкотија: Господ ме услиши и ме ослободи. 6 Господ е со мене и јас не се плашам: што може да ми направи човек? 7 Господ е со мене, помеѓу моите помошници, затоа гледам радосно на оние кои ме мразат. 8 Подобро е да се надева некој на Господа, отколку да се надева на човек; 9 подобро е некој да се надева на Господа, отколку да се надева на кнезовите. 10 Сите народи ме опкружија, ги истребив во Господовото име. 11 Ме опкружија отсекаде; ги истребив во Господовото име. 12 Ме опкружија како пчели, нивното боцкање жеже како запалени трња: ги истребив со Господовото име. 13 Ме туркаа, силно за да паднам, но Господ ми помогна. 14 Господ е моја сила и песна, Тој ми е спасител. 15 Чуј! Радост и спасение се слуша во шаторите на праведниците; Господовата десница се прослави, 16 Господовата десница ме издигна, Господовата десница се прослави! 17 Не, нема да умрам, туќу ќе живеам и ќе ги кажувам Господовите дела. 18 Господ ме казни со тешка казна, но не ме предаде на смрт. 19 Отворете ми ги ширум вратите на правдата, ќе влезам, ќе Му благодарам на Господа! 20 Ова се Господовите врати, праведниците влегуваат низ нив! 21 Ќе Ти благодарам што ме послуша и стана мој спасител. 22 Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана крајаголен камен. 23 Тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи! 24 Ова е денот што Господ Го направи да Му воскликнуваме и да Му се радуваме Нему! 25 О Господи, дај ни спасение! Господи дај ни среќа! 26 Благословен, кој доаѓа во Господово име, ве благословуваме од Господовиот дом. 27 Господ е Бог, Тој ни дава светлина; врзете ја жртвата со јаже за роговите на жртвеникот. 28 Ти си мој Бог - Тебе Ти благодарам: Боже мој - јас Те возвишувам Тебе. 29 Благодарете Му на Господа, зашто е благ зашто е вечна Неговата милост!
1 АЛЕФ. Блаженство на оние, кои го пазат Неговиот Закон. Блажени се чиј пат е непорочен, кои одат според Господовиот Закон! 2 Блажени кои: ги чуваат Неговите сведоштва, Го бараат со целото срце. 3 Кои не прават беззаконие, туку одат по Неговите патишта. 4 Ги даде Своите прописи, за да бидат пазени грижливо. 5 О, кога би биле цврсти моите патишта, за да ги чувам Твоите правила! 6 Не ќе се засрамам тогаш, кога ќе внимавам на сите Твои заповеди. 7 Ќе Те славам во чесноста на срцето, кога ќе ги научам пресудите на Твојата правда. 8 Ќе ги чувам Твоите повелби: не ме оставај никогаш! 9 БЕТ. Како ќе го запази младиот човек чист својот пат? чувајќи ги Твоите зборови. 10 Те барам Тебе со целото свое срце; не оставај да скршнам настрана од Твоите заповеди. 11 Во срцето го запазив Твојот збор, за да не згрешам против Тебе. 12 Благословен си, о Господи, научи ме на Своите повелби. 13 Со своите усни ги навестувам, сите судови на Твојата уста. 14 Се радувам на патот на Твоите прописи, повеќе отколку на сето богатство. 15 Ќе размислувам за Твоите повелби и ќе ги разгледувам Твоите заповеди. 16 Ќе се насладувам во Твоите правила, не ќе ги заборавам Твоите слова. 17 ГИМЕЛ. Биди милостив кон мене, кон Твојот слуга, за да живеам и да ги чувам Твоите зборови. 18 Отвори ги моите очи, за да ги гледам убавините на Твојот Закон! 19 Јас сум придојденик на земјата, не ги криј од мене Твоите заповеди! 20 Душата ми се истоштува во секое време, копнеејќи за Твоите одлуки. 21 Ти им се закани на гордите, проклети да се оние, што отстапуваат од Твоите заповеди. 22 Оддалечи ги од мене: презрението и срамот, зашто јас ги чувам Твоите сведоштва. 23 Кнезовите се состануваат и зборуваат против мене, Твојот слуга ќе размислува за Твоите заповеди. 24 Зашто Твоите сведоштва се моја наслада, Твоите повелби се мои советници. 25 ДАЛЕТ. Мојата душа лежи во прав: врати ми го животот според Твојот збор. 26 Ти ги кажував сите свои патишта и Ти ме чу: ме научи на Твоите заповеди. 27 Покажи ми го патот со Твоите правила и ќе размислувам за Твоите чудеса. 28 Мојата душа рони солзи од тага, подигни ме според Твојот збор! 29 Држи ме далеку од патот на заблудата и надари ме милостиво со Твојот Закон. 30 Јас го одбрав патот на вистината, пред очите ги ставив Твоите одлуки. 31 Јас цврсто се прилепив до Твоите прописи, о Господи, немој да ме посрамуваш! 32 Јас чекорам по патот на Твоите заповеди, зашто Ти ми го осветли срцето. 33 ХЕ. Покажи ми ја Господи, врвицата на Твоите правила и јас ќе ја чувам до крај. 34 Научи ме да се придржувам кон Твојот Закон и ќе го чувам со сето срце. 35 Упати ме по патеката на Твоите заповеди, зашто јас се насладувам во неа. 36 Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие! 37 Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата, чувај ми го животот на Твојот пат! 38 Исполни ги ветувањата на Твојот слуга, што им ги даде на оние кои се бојат од Тебе! 39 Отстрани го срамот, од кој се плашам, зашто се благи Твоите пресуди. 40 Еве, копнеам по Твоите наредби: поживи ме со Твојата правда. 41 ВАВ. О, Господи, нека Твојата милост дојде врз мене, и Твоето спасение според Твоето ветување. 42 Ќе им одговорам на оние што ме исмеваат, зашто се надевам на Твоето слово. 43 Не одземај го зборот на вистината од мојата уста, зашто се надевам на Твоите судови. 44 Ќе го пазам Твојот Закон постојано и довека. 45 Ќе одам нашироко, зашто ги истражувам Твоите повелби. 46 Ќе зборувам за Твоите прописи пред царевите и нема да се збунам. 47 Мојата наслада е во Твоите заповеди, зашто ги љубам. 48 Јас ги подигам рацете кон Твоите заповеди, зашто ги љубам и размислувам за Твоите повелби. 49 ЗАИН. Спомни си за Твоето слово кон Твојот слуга, со кое ми даде надеж. 50 Во неволја Твојот збор ми е сета утеха, тој ми е живот. 51 Гордите ме напаѓаат жестоко; но јас не отстапувам од Твојот Закон. 52 Се сеќавам, о Господи, за Твоите дамнешни пресуди и тоа ме утешува. 53 Гнев ме опфаќа заради грешниците, што го напуштаат Твојот Закон! 54 Твоите повелби ми се песна, во земјата низ која патувам. 55 Ноќе си спомнувам, Господи, за Твоето име, и го чувам Твојот Закон. 56 Еве што е мојата желба: да ги чувам Твоите повелби. 57 ХЕТ. Мој дел е, Господ - реков - да ги пазам Твоите зборови. 58 Го барав Твоето лице со сето мое срце, помилувај ме според Твоето слово. 59 Размислував за своите патишта и ги насочив нозете кон Твоите сведоштва. 60 Побрзав и не се двоумам да ги чувам Твоите заповеди. 61 Ме сплеткаа јажињата на грешниците, но јас не го заборавам Твојот Закон. 62 Станувам, на полноќ, за да Те славам, заради Твоите праведни одлуки. 63 Пријател сум им на сите, што се бојат од Тебе и што ги чуваат Твоите наредби. 64 Господи, земјата е полна со Твојата милост, научи ме на Твоите повелби. 65 ТЕТ. Господи, му стори добро на Твојот слуга, според Твојот збор. 66 Научи ме на разум и знаење, зашто верувам во Твоите заповеди. 67 Скитав, пред да бидам понижен, но сега го чувам Твојот збор. 68 Ти си толку благ и добар, научи ме на Твоите правила. 69 Горделивите смислуваат клевета против мене, но јас со сето срце се придржувам кон Твоите правила. 70 Срцето им е здебелено од маст, а јас се насладувам во Твојот Закон. 71 Добро ми е дека се мачев за да ги научам Твоите повелби. 72 Помил ми е Законот на Твојата уста, отколку илјади златници и сребреници. 73 ЈОД. Твоите раце ме направија и ме создадоа; вразуми ме за да ги научам Твоите заповеди. 74 Оние кои се бојат од Тебе се веселат кога ќе ме видат, зашто јас се надевам на Твојот збор. 75 Знам, о Господи, дека Твоите судови се праведни, и според верноста Твоја Ти ме измачи. 76 Твојата љубов нека ми биде тешителка, според ветувањето што му го даде на Твојот слуга. 77 Нека дојде врз мене Твојата милост, и јас ќе живеам, зашто Твојот Закон е моја наслада. 78 Нека се збунат гордите, зашто ме угнетуваат за ништо, а јас ќе размислувам за Твоите наредби. 79 Нека се обратат кон мене оние кои се бојат од Тебе, и кои ги знаат Твоите сведоштва. 80 Нека моето срце биде совршено во Твоите повелби, за да не бидам засрамен. 81 КАФ. Мојата душа копнее за Твоето спасение, со надеж го чекам Твојот збор. 82 Моите очи копнеат за Твојата беседа; кога ќе ми донесеш утеха? 83 Станав како мев во дим, но не ги заборавам Твоите повелби. 84 Колку денови има Твојот слуга? Кога ќе ги судиш моите гонители? 85 Гордите ми ископаа јама: тие не работат според Твојот Закон. 86 Сите Твои заповеди се вистински: невин ме гонат, помогни ми! 87 За малку ќе ме погубеа во земјата, но јас не ги оставам Твоите наредби. 88 Оживеј ме според Твојата милост, и ќе ги чувам сведоштвата на Твојата уста. 89 ЛАМЕД. О Господи, Твојот збор останува довека, постојан како небесата. 90 Твојата милост е од род до род; ја зацврсти земјата, и таа стои. 91 Стојат засекогаш според Твоите закони, зашто сè Ти служи Тебе. 92 Да не е Твојот Закон: мое уживање, би пропаднал во мојата неволја. 93 Нема да ги заборавам Твоите наредби довека, зашто преку нив Ти ме оживуваш. 94 Твој сум, спаси ме; зашто јас ги барам Твоите наредби. 95 Грешниците дебнат за да ме погубат, но јас внимавам на Твоите сведоштва. 96 Му ја гледам границата на секое совршенство, а Твојата заповед нема граница. 97 МЕМ. О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него. 98 Твојата заповед ме направи помудар од моите непријатели, зашто таа е вечно со мене. 99 Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за Твоите сведоштва. 100 Поразумен сум и од старците, зашто ги чувам Твоите наредби. 101 Воздржи ги моите нозе од лошиот пат, за да го запазам Твојот збор. 102 Не отстапувам од Твоите судови, зашто Ти ме поучи. 103 Колку се слатки на моето непце Твоите зборови, послатки се од мед во мојата уста. 104 Станувам разумен според Твоите повелби зашто ги мразам сите лажни патишта. 105 НУН. Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека. 106 Се колнам и одлучувам цврсто, да ги одржам Твоите праведни одлуки. 107 Во голема неволја сум Господи, оживотвори ме според Твоето слово. 108 Прими ги доброволните приноси на мојата уста, Господи, научи ме на Твоите судови. 109 Мојот живот е во постојана гибел, но јас не го заборавам Твојот Закон. 110 Грешниците ми поставија стапица, но не се отклонувам од Твоите наредби. 111 Твоите сведоштва ми се вечно наследство, тие се радост во моето срце. 112 Го приклонив срцето, за да ги врши Твоите повелби, секогаш и до крај. 113 САМЕХ. Јас ги мразам неодлучните, а го љубам Твојот Закон. 114 Ти Си мој штит и мое засолниште, Јас се надевам на Твоето слово. 115 Отстранете се од мене злосторници, ќе ги пазам заповедите на мојот Бог. 116 Поткрепи ме според Твоето ветување, и ќе живеам; немој да се засрамам во својата надеж. 117 Помогни ми и ќе се спасам, ќе внимавам секогаш на Твоите повелби. 118 Ти ги презираш оние, што отстапуваат од Твоите повелби зашто е лажна нивната мисла. 119 Ги отстранувам како ѓубре злотворите на земјата, затоа ги љубам Твоите сведоштва. 120 Моето тело трепери од страв пред Тебе, јас се плашам од Твоите судови. 121 АИН. Направив суд и правда не ме предавај на моите угнетувачи. 122 Застапи се за Твојот слуга, за да не ме сотрат горделивите! 123 Моите очи копнеат за Твоето спасение, за Твојот праведен збор. 124 Постапувај со Твојот слуга според Твојата милост и научи ме на Твоите повелби. 125 Јас сум Твој слуга, вразуми ме, за да ги запознаам Твоите сведоштва. 126 О Господи, време е да дејствуваш: зашто го нарушија Твојот Закон. 127 Затоа ги љубам Твоите заповеди, повеќе од злато, од пречистено злато. 128 Затоа ги почитувам сите Твои наредби, во секое нешто, омразени ми се сите лажни патишта. 129 ПЕ. Прекрасни се Твоите сведоштва, затоа мојата душа ги пази. 130 Објаснувањето на Твоите зборови просветлува, ги вразумува простодушните. 131 Ја отворам мојата уста и воздивнувам, зашто копнеам за Твоите заповеди. 132 Сврти се кон мене и биди ми милостив, како на оние, кои го љубат Твоето име. 133 Управувај ги моите чекори, за да не завладее со мене никакво беззаконие. 134 Избави ме од човечкото насилство, и ќе ги чувам Твоите наредби. 135 Со Твоето лице осветли го Твојот слуга, и научи ме на Твоите повелби! 136 Потоци солзи потекоа од моите очи, зашто не се запазува Твојот Закон. 137 ЦАДЕ. Праведен си, Господи, и прави се Твоите судови. 138 Твоите сведоштва што си ги заветувал се правда и величествена вистина. 139 Мојата ревност ме подјадува, зашто моите угнетувачи ги забораваат Твоите зборови. 140 Твоите зборови се испитани многу, затоа Твојот слуга ги љуби. 141 Мал сум и презрен, но Твоите наредби не ги заборавам. 142 Твојата правда е вечна правда и Твојот Закон е чиста вистина. 143 Ме снајдоа тешкотии и неволји; но Твоите заповеди се моја наслада. 144 Вечна е правдата на Твоето сведоштво, вразуми ме, и ќе живеам. 145 КОФ. Викам, од сето срце, Господи, послушај ме: ќе ги пазам Твоите повелби. 146 Кон Тебе викам, спаси ме, ќе се држам за Твоите сведоштва. 147 Ја престигнав зората и се молам за помош, се надевам на Твоите зборови. 148 Моите очи ги престигнуваат ноќните стражи, за да размислувам за Твојата беседа. 149 Господи, послушај го мојот глас, според Твојата добрина, и оживи ме според Твојата одлука. 150 Наближуваат оние кои ме гонат неправедно, тие се далеку од Твојот Закон. 151 А и Ти си близу, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. 152 Одамна знам за Твоите сведоштва дека ги создаде засекогаш. 153 РЕШ. Погледај на мојата неволја, избави ме, зашто не го заборавам Твојот Закон. 154 Брани ја мојата парница и откупи ме, поживи ме според Твоето ветување. 155 Спасението е далеку од грешниците, зашто не се грижат за Твоите повелби. 156 Голема е, Господи, Твојата милост: поживи ме според Твоите одлуки. 157 Мнозина ме гонат и угнетуваат, јас не отстапувам од Твоите прописи. 158 Ете, видов отпадници и ми се згадија, зашто не ги чуваа Твоите зборови. 159 Ете, ги љубам Твоите зборови, о Господи, поживи ме според Твојата милост. 160 Целината на Твојот збор е вистина, секој од Твоите праведни судови е вечен. 161 ШИН. Кнезовите ме прогонуваат без причина, но моето срце трепери само пред Твоите зборови. 162 Им се радувам на Твоите беседи, како оној што наоѓа многу користи. 163 Ја мразам лагата и се гнасам од неа, а го љубам Твојот Закон. 164 Те прославувам Тебе седумпати дневно, заради Твоите праведни судови. 165 Оние кои го љубат Твојот Закон, уживаат голем мир, не се сопнуваат на ништо. 166 Ја чекам Твојата помош, о Господи, ги извршувам Твоите заповеди. 167 Мојата душа ги чува Твоите сведоштва и ги љуби многу. 168 Ги чувам Твоите наредби и Твоето сведоштво, зашто сите мои патишта се пред Тебе. 169 ТАВ. Господи, моето викање нека стигне до Тебе, вразуми ме според Твојот збор. 170 Нека дојде мојата молитва пред Твоето лице, избави ме според Твојот збор. 171 Моите усни нека запеат пофална песна, зашто ме научи на Твоите повелби. 172 Мојот јазик нека пее за Твоето слово, зашто сите Твои заповеди се праведни. 173 Твојата рака нека ми биде на помош, зашто ги избрав Твоите наредби! 174 Господи, копнеам за Твоето спасение, се насладувам во Твојот Закон. 175 Нека живее мојата душа и нека Те фали, а Твоите судови нека ми бидат на помош! 176 Јас заскитав како изгубена овца; о побарај го Твојот слуга, зашто јас не ги заборавив Твоите заповеди.
1 Песна на воздигање. Кога бев во неволја, извикав кон Господа, и Тој ме послуша. 2 Господи, избави ми ја душата од лажливи усни, од измамлив јазик! 3 Што ќе Ти даде Тебе и што ќе Ти придаде измамливиот јазик? 4 Со остри стрелички од војнички раце и со вжарено јаглење од метлика. 5 Тешко ми мене што треба да престојувам во Месех, и да живеам во Кидарските Шатори! 6 Предолго треба мојата душа да живее со мразителите на мирот. 7 Кога зборувам за мирот, тие се за војна.
1 Песна на воздигање. Ги подигам моите очи кон горите: откаде ќе ми дојде помош? 2 Мојата помош е од Господа, Кој ги создаде небото и земјата. 3 Тој нема да остави да се сопне твојата нога и Тој нема да задреме, твојот чувар. 4 Не, не дреме и не спие Тој, Израелевиот чувар. 5 Господ е твој пазител, Господ е твоја сенка, на твојата десна рака. 6 Сонцето нема да ти наштети дење ни месечината ноќе. 7 Господ да те чува од секое зло, да ја чува твојата душа! 8 Господ да го чува твоето излегување и враќање, од сега и довека.
1 Песна на воздигање. Давидова поклоничка песна. Се зарадував кога ми рекоа: „Да одиме во Господовиот Дом!” 2 Нашите нозе веќе стојат, на твоите врати, о Ерусалиме. 3 Ерусалиме, цврсто изграден граду и како во едно слеан! 4 Племињата, Господовите племиња, влегуваат таму, според Израелевиот закон, да Го слават Господовото Име. 5 Судиски столици стојат таму, столици на Давидовиот дом. 6 Молете мир за Ерусалим! Блазе им на оние, кои те љубат тебе! 7 Нека биде мир зад твоите ѕидови и изобилие во твоите дворци! 8 Заради своите браќа и пријатели ќе викам: „Мир на тебе!” 9 Заради Господовиот Дом, на нашиот Бог, јас ќе се молам за твоето добро.
1 Песна на воздигање. Ги подигам моите очи кон Тебе Кој живееш на небесата. 2 Ете, како што гледаат очите на слугата во рацете на господарот, и очите на слугинката во рацете на господарката, така нашите очи гледаат во Господа, нашиот Бог, додека ни се смилува нам. 3 Смилувај ни се, Господи, помилувај нè нас; зашто се преситивме од презрение. 4 Душата ни е пресита од потсмевнувањето на бесните, од презрението на гордите.
1 Давидова песна за воздигање. Ако не беше Господ со нас - нека рече Израел - 2 ако не беше Господ со нас, кога се кренаа луѓето против нас, 3 ќе нè проголтаа живи. Кога пламна нивната јарост против нас, 4 водата ќе нè издавеше, поројот ќе нè одвлечеше, 5 здивените води ќе нè потопеа сите. 6 Благословен да е Господ, Кој не нè даде за плен на нивните заби! 7 Нашата душа избега како птица од примката на ловецот: примката се скина, а ние се избавивме! 8 Нашата помош е во Името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата.
1 Песна на воздигање. Кој се надева на Господа, тој е како гората Сион: не се помрднува, а останува довека. 2 Горите го опкружуваат Ерусалим, Господ го опкружува Својот народ отсега и довека. 3 И безбожнички жезол нема да владее над судбината на праведните; за да не ги испружат праведните своите раце кон беззаконието. 4 Стори им, Господи, добро на добрите и на чесните во срцето. 5 А кои свртуваат на криви патишта, да ги остави Господ да одат со беззакониците. Мир на Израел!
1 Песна на воздигање. Кога Господ ги враќаше сионските заробеници, ни беше како да сонуваме. 2 Устата ни беше полна со смеење, а јазикот со пеење. Тогаш меѓу народите се зборуваше: „Господ направи големи дела за нив!” 3 Господ ни направи големи дела: пак сме радосни! 4 Врати ги, о Господи, нашите заробеници, како негевските потоци! 5 Оние што сејат со солзи, жнијат со песни. 6 Одеа со плачење, носејќи го семето за сеење: навистина ќе се враќаат со песна, носејќи ги своите снопови.
1 Песна на воздигање Соломонова. Ако Господ не го гради домот, напразно се трудат ѕидарите. Ако Господ не го чува градот, напразно бдее стражарот. 2 Залудно ви е да станувате пред зората и да седите долго во ноќта, вие што го јадете лебот на трудот: Тој им дава на Своите возљубени и во сон. 3 Еве, синовите се дар од Господа, Негова награда е: плодот на утробата. 4 Стрела во раката на воинот - тоа се синовите на младоста. 5 Блажен е човекот кој со нив ќе ја наполни својата торба, не ќе се засрами, кога ќе разговара со непријателот во вратата.
1 Песна на воздигање. Блажен е секој, кој се бои од Господа, кој оди по Неговите патеки! 2 Ти ќе го уживаш плодот на твоите раце, блажен ќе си, и ќе ти биде добро. 3 Твојата жена ќе биде како плодна лоза во внатрешноста на твојот дом. Твоите синови како млади маслинови гранчиња, околу твојот стол. 4 Ете, така ќе биде благословен човекот, кој се бои од Господа. 5 Господ да те благослови од Сион, да уживаш во среќата на Ерусалим, низ сите денови на Твојот живот! 6 Да ги видиш синовите на Твоите синови. Мир на Израел!
1 Песна на воздигање. „Многупати ме измачуваа од младоста” - нека рече сега Израел. 2 „Многупати ме измачуваа од младоста, но не ме совладаа. 3 Врз моите плеќи: орачи ораа и тргаа долги бразди, 4 но праведниот Господ им ги пресече јажињата на нечестивите!” 5 Нека се засрамат и нека се повлечат сите кои го мразат Сион! 6 Нека бидат како трева врз покрив, што овенува пред да ја откорнат. 7 Жетварот не ја наполнува раката со неа, ни нарачјето оној што ги врзува сноповите. 8 А минувачите нема да речат: „Господовиот благослов над вас! Ве благословуваме во името на Господа!”
1 Песна на воздигање. Од длабочините Господи, викам кон Тебе. 2 Господи, чуј го мојот глас! Нека внимава Твоето уво на гласот на моето молење! 3 Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане? 4 Но во Тебе е проштавањето, за да се бојат од Тебе. 5 Јас се надевам во Господа, мојата душа се надева на Неговото слово. 6 Мојата душа го чека Господа, повеќе отколку ноќната стража - зората. Повеќе отколку ноќната стража - зората. 7 Израел нека го чека Господа зашто милоста е во Господа и изобилно е во Него искупувањето; 8 Тој ќе го избави Израел од сите негови беззаконија.
1 Давидова песна за воздигање. О Господи, моето срце не се гордее, ниту моите очи се воздигаат. Не одам по големи нешта, ни по чудата што се над мене. 2 Не, јас се смирив и ја успокоив мојата душа; како доенче врз мајчини гради, како доенче е мојата душа во мене. 3 Надевај се на Господа, Израеле, отсега и довека!
1 Песна на воздигање. Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии; 2 како Му се заколна на Господа, му се заветува на Јакововиот Силен. 3 „Не ќе влезам во шаторот на мојот дом, ниту ќе легнам во леглото на мојата постела; 4 ниту ќе им дадам сон на очите, ниту одмор на моите клепки, 5 додека не Му најдам место на Господа, живеалиште на Силниот Јаковов.” 6 Ете, чувме за Него во Ефрат, го најдовме во Јарските Полиња. 7 Да влеземе во Неговото живеалиште, да се поклониме пред Неговите нозе! 8 Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште, Ти и ковчегот на Твојата Сила! 9 Твоите свештеници нека се облечат во праведност, Твоите свети нека воскликнуваат радосно! 10 Заради Давида, Твојот слуга, не свртувај го лицето од Твојот помазаник! 11 Господ му се заколна на Давида, со цврста заклетва од која нема да отстапи: „Потомок од Твојот род ќе го положам на Твојот престол. 12 Ако твоите синови ги пазат Мојот Завет и наредбите на кои ги учам, нивните синови, довека, ќе седат на Твојот престол!” 13 Зашто Господ го избра Сион, го посака него за Свое седиште. 14 „Ова ми е вечно почивалиште, ќе престојувам тука, зашто така посакав. 15 Ќе ја благословувам нејзината храна, ќе и ги нахранам бедните со леб. 16 Ќе ги облечам во спасение нејзините свештеници, нејзините свети ќе воскликнуваат радосно. 17 Ќе направам таму да изникне рог за Давида, ќе ја подготвам светилката за Мојот помазаник. 18 Ќе ги облечам неговите непријатели со срам, а врз него ќе блеска Мојот венец.”
1 Давидова песна за воздигање. Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно. 2 Како скапоцено масло на главата, што слегуваше низ брадата, низ Ароновата брада, што слегуваше по работ на неговите облеки. 3 Како роса од Хермон, што слегува на горите сионски. Таму Господ го дава Својот благослов: живот довека.
1 Песна на воздигање. Дојдете, благословувајте Го Господа, сите Господни слуги, кои стоите во Господовиот Дом, во ноќните часови. 2 Издигнете ги своите раце кон Светилиштето и благословувајте Го Господа! 3 „Да те благослови од Сион, Господ, кој ги создаде небото и земјата!”
1 Алилуја! Фалете Го Господовото име, фалете Го, Господови слуги, 2 Кои престојувате во Господовиот дом, во дворовите на Домот на нашиот Бог! 3 Фалете Го Господа, зашто Господ е благ, пејте Му на Неговото Име, зашто тоа е мило. 4 Зашто Господ го избра Јакова за Себеси, Израел за драга сопственост. 5 Знам дека Господ е Велик, дека е Господар над сите богови. 6 Што и да Му се допадне на Господа, тоа го прави на небото и на земјата, во морето и во бездните. 7 Облаци крева од крајот на земјата, му создава молњи на дождот, го вади ветрот од неговите засолништа. 8 Тој ги погуби првородените во Египет, луѓето и добитокот еднакво. 9 Тој испрати знаци и чудеса сред тебе, Египете, против фараонот и сите негови слуги. 10 Тој погуби многу народи и погуби моќни цареви: 11 аморејскиот цар Сихон, и васанскиот цар Ог, и сите ханаански царства. 12 И му ја даде нивната земја во наследство, во наследство на Израел, на Својот народ. 13 Твоето име, о Господи, останува довека, и споменот за Тебе, о Господи, од род до род. 14 Затоа Господ ќе го суди Својот народ, Тој им е милостив на Своите слуги. 15 Незнабожечките идоли, се сребро и злато, тие се дело на човечки раце: 16 имаат уста, а не зборуваат; имаат очи, а не гледаат, 17 имаат уши, а не слушаат; и нема здив во нивните усти. 18 Такви се и оние што се надеваат на нив. 19 Израелев Доме, благословувај Го Господа! Аронов Доме, благословувај Го Господа! 20 Левиев Доме, благословувај Го Господа! Кои се боите од Господа, благословувајте Го Господа! 21 Благословен да биде Господ од Сион, кој живее во Ерусалим. Алилуја!
1 Благодарете Му на Господа, зашто е благ: Вечна е Неговата милост! 2 Благодарете Му на Бога над боговите: Вечна е Неговата милост! 3 Благодарете Му на Господарот над господарите: Вечна е Неговата милост! 4 Единствено Тој прави големи чудеса: Вечна е Неговата милост! 5 Тој ги создаде премудро небесата: Вечна е Неговата милост! 6 Тој ја зацврсти земјата над водите: Вечна е Неговата милост! 7 Тој ги направи големите светила: Вечна е Неговата милост! 8 Сонцето да владее со денот: Вечна е Неговата милост! 9 Месечината и ѕвездите да владеат со ноќта: Вечна е Неговата милост! 10 Тој ги погуби првородените во Египет: Вечна е Неговата милост! 11 Го изведе Израел од среде него: Вечна е Неговата милост! 12 Со силна рака со испружена мишка: Вечна е Неговата милост! 13 Тој го раздвои Црвеното Море: Вечна е Неговата милост! 14 Го преведе Израел низ неговата средина: Вечна е Неговата милост! 15 И ги фрли: Фараонот и неговите војски во Црвеното Море: Вечна е Неговата милост! 16 Тој го водеше Својот народ низ пустината: Вечна е Неговата милост! 17 Тој ги удри големите цареви: Вечна е Неговата милост! 18 И погуби големи цареви: Вечна е Неговата милост! 19 Аморејскиот цар Сион: Вечна е Неговата милост! 20 Васанскиот цар Ог: Вечна е Неговата милост! 21 И нивната земја му ја даде во наследство! Вечна е Неговата милост! 22 Во наследство на Израел, на Својот слуга: Вечна е Неговата милост! 23 Тој си спомна за нас, во нашето понижување: Вечна е Неговата милост! 24 Нè ослободи од нашите непријатели: Вечна е Неговата милост! 25 Тој му дава храна на секое тело: Вечна е Неговата милост! 26 Славете Го небесниот Бог, зашто Неговата милост е довека!
1 На бреговите на вавилонските реки седевме и плачевме, спомнувајќи си за Сион; 2 на врбите наоколу ги обесивме нашите псалтири. 3 И тогаш нашите поробувачи побараа од нас да пееме, нашите поробувачи побараа да се веселиме: „Испејте ни една од сионските песни!” 4 Како да ја пееме Господовата песна во туѓа земја! 5 Нека ми се осуши мојата десница, Ерусалиме, ако те заборавам тебе! 6 Нека ми се залепи јазикот за непцето, ако твојот спомен го превидам кога и да е, ако не го возвишам Ерусалим над секоја моја радост! 7 Не заборави им, Господи, на Едомовите синови, како во Ерусалимов ден, тие викаа: „Рушете! Разурнете го до темели!” 8 Вавилонска ќерко, што ќе бидеш запустена, блажен е оној, кој ќе ти врати: За сè што ни си сторила. 9 Блажен е оној, кој ќе ги грабне и ќе ги разбие на камен твоите младенци!
1 Давидов псалм. Те славам Господи, со сето срце свое; 2 се поклонувам пред Твојот свет Храм. Го славам Твоето име за Твојата милост и вистина, зашто го возвеличи Твоето слово, повисоко од Своето име. 3 Кога Те повикав, Ти ме послуша, ја ободри мојата душа. 4 Нека Ти благодарат Господи, сите земски цареви, кога ќе ги чујат зборовите на Твојата уста. 5 Нека ги воспеат Господовите патишта: „Вистина, величествена е Господовата слава!” 6 Вистина, Господ е возвишен, но гледа на смирените, а гордоста ја познава оддалеку. 7 Кога ќе чекорам низ неволји, чувај ми го животот, испружи ја раката против гневот на моите непријатели; нека ме спаси Твојата десница! 8 Господ ќе го доврши своето дело во мене! Господи, вечна е Твојата љубов: не оставај го делото на Твоите раце!
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш, 2 Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли. 3 Дали одам или лежам, Ти гледаш сè, познати ти се сите мои патишта. 4 Додека мојот збор уште не дошол до јазикот, а Ти, Господи, веќе сè знаеш. 5 Ти ме опфаќаш од плеќите и од лицето, Твојата рака ја стави врз мене. 6 Тоа знаење премногу е чудно за мене, превисоко е, за да можам да го стигнам. 7 Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице? 8 Ако се вознесам на небото: таму си, ако легнам во подземјето: и таму си. 9 Ако ги земам крилата на зората и се населам на крајот на морето, 10 и таму, Твојата рака ќе ме води, Твојата десница ќе ме држи. 11 Ако речам: „Нека ме скријат темнините, но дури и ноќта ќе биде како светло околу мене!” 12 Ни темнината за Тебе не ќе биде темна: ноќта свети како ден и темнината е како светлина. 13 Зашто Ти ги создаде моите бубрези, ме истка во мајчиното крило. 14 Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае. 15 Моите коски не Ти беа скриени додека се создавав во тајност, ткаени во длабочината на земјата. 16 Твоите очи го видоа мојот зародишок, веќе сè беше запишано во Твојата книга; деновите ми беа одредени, уште додека не беше ниеден. 17 Колку ми се драгоцени Твоите науми, Боже, колку е непресметлив нивниот број. 18 Да ги бројам! Повеќе се од песок! Кога се будам, уште сум со Тебе! 19 Боже, истреби ги злотворите, нека отстапат од мене крволоците! 20 Зашто се бунтуваат подмолно против Тебе, напразно се подигаат Твоите непријатели. 21 Господи, зар да не ги мразам Твоите мразители? Зар да не ми се гадат Твоите противници? 22 Јас ги мразам со далабока омраза и ги сметам за свои непријатели. 23 Испитај ме целиот, Боже, запознај ми го срцето, испитај ме и запознај ги моите мисли: 24 Погледај да не одам по гибелен пат и поведи ме по вечниот пат!
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Избави ме, Господи, од злобен човек, заштити ме од човек насилник; 2 од оние што измислуваат зла во срцето, и цел ден се собираат за бој. 3 Како змии ги изоструваат своите јазици, змијски отров им е под усните. 4 Спаси ме, Господи, од раката на злосторникот, чувај ме од човек насилник, кој сака мојата нога да се сопне. 5 Гордите ми поставуваат потајна стапица, со јажиња плетат мрежа, крај патот ми поставуваат клопки. 6 Извикав кон Господа: „Ти си мој Бог! послушај го, о Господи, викот на моите молитви! 7 Господи, мој Господи, мој силен Спасителе, засолни ми ја главата во денот на бој!” 8 Не оставај да се исполни желбата на злотворот, не оставај тој да ги изврши своите намери, за да не се издигне! 9 Нека не подигнат глава оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивните усни! 10 Нека паѓаат врз нив распалени јаглења, нека паднат во јами, за да не станат повеќе! 11 Клеветникот не ќе се одржи на земјата, несреќата ќе го грабне одненадеж насилникот. 12 Знам дека Господ ќе му даде право на бедниот и правда на сиромашниот. 13 Навистина, праведните ќе го слават Твоето име, непорочните ќе престојуваат пред Твоето лице.
1 Давидов псалм. Господи, Те повикувам, побрзај кон мене! Послушај го мојот глас, со кого викам кон Тебе! 2 Нека се издигне мојата молитва како темјан пред Твоето лице, издигањето на моите раце нека биде као вечерна жртва! 3 Господи, постави стража на мојата уста, и стражари на вратата на моите усни! 4 Не оставај: моето срце да се приклони кон било каква злоба па да извршам нечесни дела; Да не се дружам со луѓе кои прават беззаконие, ниту да јадам од нивните вкусни јадења! 5 Нека ме удри само праведниот - љубов е што ме укорува, тоа е масло на мојата глава; На нивната злоба јас ќе се спротивам секогаш со мојата молитва. 6 Кога нивните судии ќе бидат фрлени низ карпите, ќе разберат колку слатки беа моите зборови. 7 Како кога орачот ја оре и ја цепи земјата, така ќе им бидат расфрлени коските на работ на Подземјето. 8 Господи, кон Тебе се свртени моите очи, на Тебе се надевам, не оставај да ми пропадне душата! 9 Чувај ме од стапицата што ми ја поставија, од примките на злосторниците! 10 Нека паднат нечесните во сопствените клопки, а јас да им избегам!
1 Со сиот глас викам кон Господа, со сиот глас му се молам на Господа. 2 Ги излевам пред Него моите поплаки, ја изнесувам пред Него мојата мака. 3 Ако мојот дух изнемошти во мене, Ти го знаеш мојот пат. На патот, по кој минувам, потајно ми поставија примка. 4 Ако се свртам надесно и погледам: никој не знае за мене. Нема каде да избегам, никој не се грижи за мојот живот. 5 Господи, кон Тебе извикувам; зборувам: „Ти Си мое прибежиште, Ти Си мој дел во земјата на живите. 6 Послушај ги моите извици, зашто сум многу понижен. Избави ме од моите гонители, зашто се посилни од мене. 7 Изведи ја од темница мојата душа, да Му заблагодарам на Твоето име. Праведници ќе се соберат околу мене, заради доброто што ми го укажа мене.”
1 Давидов псалм. Господи, послушај ја мојата молитва, чуј ја мојата молба, по Твојата вистина; услиши ме по Твојата правда. 2 Не оди на суд со Твојот слуга, зашто никој жив не е праведен пред Тебе! 3 Непријателот ми ја гони душата, до земјата го притисна мојот живот; ме фрли да престојувам во темнина, како оние што умреа одамна. 4 Мојот дух веќе примира во мене, моето срце трпне во градите. 5 Си спомнувам за минатите дни, размислувам за сите Твои дела; размислувам за делата на Твоите раце. 6 Ги пружам своите раце кон Тебе, мојата душа, како сува земја, жеднее по Тебе. 7 Послушај ме поскоро, о Господи, мојот дух изнемоштува! Не криј го Своето лице пред мене, за да не станам како оние што слегуваат во гробовите. 8 Соопшти ми ја наутро Твојата милост, зашто се надевам на Тебе. Покажи ми го патот по кој да тргнам, зашто ја вознесувам душата кон Тебе. 9 Избави ме, Господи, од моите непријатели, јас прибегнувам кон Тебе. 10 Научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си мој Бог. Твојот благ Дух нека ме води по рамен пат! 11 Заради Твоето име, Господи, оживи ме, заради Твојата справедливост изведи ми ја душата од тешкотија! 12 Според Твојата милост, сотри ги моите непријатели, погуби ги моите угнетувачите на мојата душа, зашто јас сум Твој слуга.
1 Давидов псалм. Благословен да биде Господ, мојата карпа, Кој ми ги учи рацете за бој, а прстите за војна. 2 Тој е моја љубов и моја тврдина, моја заштита, мој Избавител, мој штит зад кој се засолнувам; Тој ги покорува народите под моите нозе! 3 О Господи, што е човекот, за да обрнеш внимание кон него? Што е човечкото чедо, за да си спомнуваш за него? 4 Човекот е сличен на здивот, неговите денови исчезнуваат како сенка. 5 Господи, наведни ги Твоите небеса и слези, допри се до планините: и ќе се зачадат! 6 Светни со секавицата и распрсни ги, оптегни ги стрелите и збуни ги! 7 Испружи ја раката од висините, истргај ме и спаси ме од бескрајните води, од рацете на туѓите синови: 8 нивната уста зборува суета, а десницата им е десница на неправда. 9 Ќе Ти пеам, Боже, нова песна, ќе ти свирам псалтир со десет жици. 10 Ти им даваш победа на царевите, Ти, Кој го спаси Својот слуга Давид од лош меч! 11 Ослободи ме и избави од туѓински раце: нивната уста зборува лаги, а десницата им е десница на неправда. 12 Дај ни: нашите синови да бидат како билки, што растат од својата младост; а нашите ќерки како крајаголни столбови; убави како храмовите столбови. 13 Нашите житници да бидат полни, со секакви плодови во изобилство; нашите овци да се плодат со илјади, десетици илјади, да се плодат бескрајно по нашите полиња. 14 Нашиот добиток да биде згоен! Да нема пробој ни ропство, ни плач по нашите улици. 15 Блажен е оној народ, кој го има тоа; блажен е оној народ, кому Господ е Бог!
1 Давидова благодарност. Ќе Те прославувам о Боже, мој Царе, ќе го благословувам Твоето име секогаш и довека. 2 Ќе Те славам секој ден, ќе Го фалам Твоето име секогаш и довека. 3 Господ е велик и достоен за секоја пофалба, Неговата величина е недостижна! 4 Од поколение во поколение се фалат Твоите дела и се навестуват Твоите силни дела. 5 Ќе зборувам за блескавата слава на Твоето величие, и за Твоите чуда. 6 Кажуваат за страотната сила на Твоите дела, јас ќе ја раскажувам Твојата величина. 7 Го разгласуваат споменот за Твојата голема благост, и ја опеваат Твојата правда. 8 Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив. 9 Господ е благ за сите, милостив за сите Свои дела. 10 Нека Те слават, Господе, сите Твои дела, и твоите свети нека Те благословуваат! 11 Нека зборуваат за славата на Твоето Царство, нека говорат за Твојата сила. 12 Да ги објават на човечките деца: Твојата сила и славата на Твоето прекрасно Царство. 13 Твоето царство е вечно Царство, Твоето владеење за сите поколенија. 14 Господ ги поткрепува сите кои паѓаат и Тој ги исправа наведнатите. 15 Очите на сите се свртени кон Тебе, Ти им даваш храна во право време. 16 Ти ја отвораш Твојата рака, и наситуваш желбата на сè живо. 17 Праведен Си, Господи, на сите Твои патишта, и добар Си во сите Твои дела. 18 Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено. 19 Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува. 20 Господ ги пази оние, кои Го љубат, а ќе ги сотре сите злосторници. 21 Нека мојата уста искажува фалба на Господа, и секое тело нека Го слави Неговото свето име, секогаш и довека.
1 Алилуја! Моја душо, фали Го Господа! 2 Ќе Го фалам Господа додека сум жив, додека ме биде, ќе Му пеам на мојот Бог. 3 Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! 4 Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли. 5 Блажен е оној, кому му е помошник: Јакововиот Бог, чија надеж е во Господа, неговиот Бог, 6 Кој ги создаде: небото и земјата, морето и сè што е во нив; Кој останува верен довека. 7 На угнетените им враќа правда, а на гладните им дава леб. Господ ги ослободува врзаните. 8 Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа наведнатите, Господ ги љуби праведните. 9 Господ ги заштитува туѓинците, ги поткрепува сираците и вдовиците, а на грешниците им ги метка патиштата. 10 Господ ќе царува довека, твојот Бог, Сионе, од колено до колено. Алилуја!
1 Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е добар, пејте Му на нашиот Бог, зашто е благ; Тој е достоен за секаква пофалба. 2 Господ го гради Ерусалим, ги собира распрснатите Израелци. 3 Тој ги исцелува оние што се со скршено срце и ги преврзува нивните рани. 4 Тој го одредува бројот на ѕвездите, секоја ја наречува со нејзиното име. 5 Нашиот Бог е велик и Сèсилен, нема мерка за Неговата мудрост. 6 Господ ги поткрепува понизните, злосторниците ги понизува до земјата. 7 Пејте Му на Господа благодарна песна, свирете Му на псалтир на нашиот Бог! 8 Ги покрива небесата со облаци и и подготвува дожд на земјата; прави да расте трева по горите. 9 Тој му дава храна на добитокот, и на младите гаврани кога гракаат. 10 Тој не се грижи за коњската сила, ниту Му се мили човековите нозе. 11 На Господа Му се мили оние, кои се бојат од Него, кои се надеваат на Неговата милост. 12 Слави Го Господа Ерусалиме, фали Го Твојот Бог, Сионе! 13 Тој ги зацврсти лостовите на твоите врати, ги благословува твоите синови сред тебе. 14 Тој им даде мир на твоите граници, те храни со најдобра пченица. 15 Својата заповед ја праќа на земјата, Неговото слово трча многу брзо. 16 Го расфрла снегот како волна, распрснува слана како пепел. 17 Тој истура град како залаци, кој може да устои пред Неговите студови. 18 Го испраќа Својот збор, и ги растопува, дувнува со ветер, и водите истечуваат. 19 Своето Слово му го објави на Јакова, своите повелби и закони на Израел. 20 Не постапи така со ниеден друг народ, своите наредби на ниеден не му ги објави. Алилуја!
1 Алилуја! Фалете Го Господа од небесата, фалете Го во височините! 2 Фалете Го, сите Негови ангели, фалете Го, сите Негови воинства! 3 Фалте го, сонце и месечино, фалете Го, сите светли ѕвезди! 4 Фалете Го, небесни небеса, и води над небесниот свод! 5 Нека го фалат Господовото име, зашто Тој заповеда и се создаде. 6 Ги постави засекогаш и довека, според закон што нема да помине. 7 Фалете Го Господа од земјата, морски чудовишта и сите бездни, 8 Оган и град, снег и магла, виорен ветер, што го исполнува Неговото слово! 9 Планини и сите ридови, плодоносни стебла и сите кедрови, 10 Ѕверови и сите животни, Лазачи и крилати птици! 11 Земски цареви и сите народи, кнезови и земски судии! 12 Момчиња и девици, старци со децата заедно. 13 Сите нека Го фалат Господовото име, зашто единствено Неговото име е возвишено! Неговата слава е над земјата и небото, 14 Тој ја поткрева силата на Својот народ, Тој ги прославува своите свети, Израелевите синови - народ што Му е близок. Алилуја!
1 Алилуја! Пејте Му на Господа нова песна, и во собранието на светите, Неговата фала! 2 Нека Му се весели Израел на Својот Творец! Нека Му викаат радосно синовите на Сион на својот Цар! 3 Нека Го фалат Неговото име со веселба, нека Го слават со тапанче и псалтир! 4 Зашто, Господ го љуби Својот народ, со спасение ги овенчува кротките! 5 Нека се радуваат светите славно, нека извикуваат радосно од своите постели! 6 Нека им бидат на устите слава кон Бога, а во рацете мечеви остри од двете страни, 7 за да извршат одмазда над народите, и казна над племињата; 8 за да им ги фрлат царевите во вериги, а благородниците во железни окови; 9 за да го извршат над нив одамна напишаниот суд - нека им биде на чест на сите Негови свети! Алилуја!
1 Слава на Бога! Фалете Го Бога во Неговото Светилиште, Фалете Го во величеството на небесниот свод! 2 Фалете Го заради Неговите силни дела, Фалете Го заради Неговата бескрајна величина! 3 Фалете Го со звуците на рогот, Фалете Го со псалтир и лира, 4 Фалете Го со игра и тапанче, Фалете Го со жичани инструменти и кавал, 5 Фалете Го со звучни кимвали, Фалете Го со воскликнувачки кимвали! 6 Сè што дише - Нека Го фали Господа! Алилуја!
1 Мудри пословици на Соломон, Давидовиот син, израелскиот цар: 2 За да се сознае мудроста и поуката, за да се сфатат благоразумните зборови; 3 за да се прими умна поука, правда, правосудство и правичност; 4 за да им се даде памет на неискусните; знаење и умеење на младиот човек; 5 кога мудриот чуе, да биде уште помудар, а разумниот да стекне помудри мисли; 6 за да ги разбере пословиците и приказните, зборовите на мудреците и нивните загатки. 7 Стравот од Господа е почеток на мудроста, но безумните ги презираат мудроста и поуката. 8 Сине мој, послушај ја поуката на својот татко и не отфрлај го учењето на својата мајка! 9 Зашто ќе ти бидат милостив венец на главата и ѓердан околу твојот врат. 10 Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај; 11 ако ти речат: „Дојди со нас, да дебнеме крв, да чекаме во заседа невини за ништо; 12 како гроб живи да ги проголтаме, и цели како оние, што слегуваат во гроб; 13 ќе заплениме секакво благо, ќе ги наполниме своите куќи со плен; 14 ќе го фрлаш со нас својот жреб, сите заедно ќе имаме едно ќесе.” 15 Сине мој, не оди со нив на пат, тргни ја ногата од нивните патеки, 16 зашто кон зло трчаат со своите нозе и итаат да пролеваат крв. 17 Зашто напразно е да се оптегнува мрежа, пред очите на сите птици. 18 А тие ја дебнат сопствената крв, поставуваат заседа за своите души. 19 Такви се патиштата на сите лакоми за пари, на завладеаните од нив им го одзема животот. 20 Премудроста извикува гласно на улица, го подига својот глас на плоштадите; 21 проповеда по бучни агли, при отворените градски врати, ги говори своите зборови: 22 „До кога, вие глупави, ќе ја љубите глупоста, и до кога на потсмевачите ќе им биде мило потсмевањето, и до кога безумниците ќе го мразат знаењето? 23 Послушајте ја мојата опомена! Ете, го излевам својот дух пред вас, сакам да ве поучам со свои зборови. 24 Колку ве повикував, а вие одбивавте; ја испружував раката, но никој не ја забележа; 25 туку го отфрливте секој мој совет и не ги послушавте моите опомени. 26 Затоа и јас ќе се смеам на вашата пропаст, ќе се потсмевам кога ќе ве снајде тешкотија; 27 кога стравот ќе навали врз вас како невреме и кога пропаста ќе ве грабне како виор, кога ќе се навалат врз вас неволјата и маката. 28 Тогаш ќе ме викате, но јас нема да одговарам; ќе ме барате, но нема да ме најдете. 29 Зашто го мразеа знаењето и не го избраа Господовиот страв, 30 ниту го послушаа мојот совет, туку ја презреа секоја моја опомена. 31 Затоа ќе јадат плод од своето владеење и ќе се наситат со сопствени совети. 32 Зашто глупавите ќе ги убие нивното одбивање, а безумните ќе ги уништи невниманието, 33 а кој ме слуша мене, останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло.”
1 Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, 2 и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; 3 да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; 4 ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште - 5 тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога. 6 Зашто Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот. 7 Тој им ја укажува Својата помош на праведните, штит им е на оние што одат непорочно. 8 Зашто Тој ги штити патиштата на правдата и го чува патот на Своите свети. 9 Тогаш ќе ги сфатиш: правдата, правосудството и верноста, а и секој добар пат. 10 Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце и знаењето ќе ја зарадува твојата душа. 11 Расудувањето ќе те пази тебе и разумноста ќе те чува: 12 За да те избави од лош пат, од измамлив човек, 13 од оние што ги оставаат патеките на чесноста, па одат по мрачни патишта; 14 кои се веселат правејќи зло и ликуваат во изопаченоста на лошото; 15 чии патеки се криви, и кои се опаки на своите патишта. 16 За да те избави од прељубница и од туѓинка, што ласка со зборови, 17 која го остава пријателот на својата младост и го заборава заветот на својот Бог. 18 Зашто куќата и тоне во смрт, и нејзините патишта водат кон мртвите, 19 кој влегува при неа, не се враќа никогаш, и не ги наоѓа повеќе патиштата на животот. 20 Затоа, оди по патот на добрите и држи се за патеките на праведниците! 21 Зашто само праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа; 22 а беззакониците ќе бидат збришани од земјата, и богохулниците ќе бидат искоренети од неа.
1 Сине мој, не ги заборавај моите поуки, и твоето срце нека ги чува моите заповеди, 2 зашто ќе ти ги продолжат деновите и годините на животот и ќе ти додадат мир. 3 Нека не те оставаат добрината и верноста, обеси ги околу својот врат, запиши ги врз плочата на своето срце, 4 така ќе придобиеш милост и добро сфаќање пред Божјите и човечките очи. 5 Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. 6 Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки. 7 Не замислувај дека си мудар: Бој се од Господа и отстранувај се од злото, 8 тоа ќе биде лек за твоето тело и поткрепа на твоите коски. 9 Почитувај Го Господа со својот имот и со првините на сиот свој приход, 10 и твоите житници ќе бидат преполни, и твоите каци ќе се прелеваат со ново вино. 11 Сине мој, не ги отфрлај Господовите опомени, и немој да го замразиш Неговиот укор, 12 зашто кого Господ го љуби, него и го изобличува како таткото синот, кого го љуби. 13 Блазе му на човекот, што ја нашол мудроста и на човекот, кој го придобил разумот. 14 Подобро е да се придобие таа отколку да се придобие сребро, и таа е поголема печалба и од златото. 15 Поскапоцена е од бисерите, и колку и да се твоите скапоцености, не можат да се споредат со неа. 16 Долгиот живот и е во десната рака, а во левата: богатство и чест. 17 Нејзините патишта се пријатни и сите нејзини патеки се полни со мир. 18 Таа е дрво на живот, за оние кои се придржуваат за неа, и благословен е оној што ќе ја задржи. 19 Господ ја основа земјата со мудрост и ги зацврсти небесата со умот; 20 со Негово знаење се отворија бездните и облаците истурија роса. 21 Сине мој, не губи го тоа од пред очите запази ги разумот и здравото расудување; 22 и ќе биде живот на твојата душа и украс на твојот врат. 23 Тогаш без страв ќе чекориш по својот пат и твојата нога не ќе се сопнува. 24 Кога ќе легнеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, ќе сонуваш слатко. 25 Не бој се од ненадеен страв ни од пребрзата пропаст, кога ќе ги стигне нечестивите, 26 зашто Господ ќе ти биде надеж и ќе ја чува твојата нога од стапица. 27 Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа. 28 Не вели му на својот ближен: „Отиди си и дојди пак, и ќе ти дадам утре”, кога можеш веќе сега. 29 Не кови му зло на својот ближен, додека тој престојува без страв, кај тебе. 30 Не карај се без причина, со никого, ако не ти направил зло. 31 Не завидувај му на насилникот, ниту следи ги неговите патишта, 32 зашто на Господа му се гнасни развратите, а близок е со праведните. 33 Господовото проклетство е врз домот на безбожникот, а благословот е во домот на праведникот. 34 На потсмевнувачите тој им се потсмевнува, а на смирените им дарува благодат. 35 Мудрите ќе ја наследат славата, а безумниците ќе го носат срамот.
1 Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста, 2 зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон. 3 И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка; 4 и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш. 5 Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста. 6 Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани. 7 Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум. 8 Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава, 9 ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.” 10 Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. 11 Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки. 12 Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш. 13 Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот. 14 Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. 15 Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, 16 зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. 17 Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. 18 А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сè појасна до полниот ден. 19 А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат. 20 Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; 21 не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; 22 зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. 23 А над сè чувај го своето срце, зашто животот извира од него. 24 Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни. 25 Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав. 26 Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани. 27 Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото.
1 Сине мој, чуј ја мојата мудрост, наведни го своето уво кон мојата разумност, 2 за да ја запазиш расудливоста, и твоите усни да го задржат знаењето. 3 Зашто од усните на туѓа жена капе мед, и непцето и е помазно од масло, 4 но таа најпосле е горчлива како пелин, остра како меч со две острици. 5 Нејзините нозе слегуваат кон смртта, а чекорите и водат кон Подземјето. 6 Таа не оди по патот на животот, патеките и се колебливи и таа не знае на каде водат. 7 Затоа, сега послушај ме сине, и не отстапувај од зборовите на мојата уста. 8 Твојот пат нека е далеку од неа, и не се приближувај до вратата на нејзината куќа, 9 да не го дадеш цветот на својата младост и своите години на немилостивите; 10 да не се наситат туѓинци од твојот имот, и твојот труд да не отиде во туѓа куќа; 11 да не ридаш на крајот кога ќе бидат истрошени телото и снагата, 12 и да не речеш: „Ох како ја мразев поуката, и како моето срце го презираше укорот! 13 И не го слушав гласот на своите учители, ниту го приклонив увото кон оние што ме поучуваа. 14 И за малку не западнав во секакво зло, среде собирот и заедницата!” 15 Пиј вода од својот извор и онаа што извира од твојот кладенец. 16 Зар надвор да се разлеваат твоите извори и водните потоци да течат по улиците? 17 Нека бидат тие само твои, а не и на туѓинците кои се покрај тебе. 18 Нека е благословен твојот извор, и радувај се со жената на својата младост, 19 нека ти е како мила срна и љубезлива кошута; нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно! 20 Па зошто сине мој би се занесувал по туѓа жена и би ги прегрнувал градите на туѓинката? 21 Зашто пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки. 22 Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови. 23 Ќе умре зашто нема поука, ќе пропадне заради своето големо безумие.
1 Сине мој, кога емчиш за својот ближен, и ја дадеш својата рака на друг, 2 си се врзал со сопствените усни, си се врзал со зборовите на својата уста. 3 Направи го тогаш ова сине мој, ослободи се! Зашто си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред него и моли го својот ближен. 4 Не давај им сон на своите очи ни дремка на своите клепки. 5 Истргај се како газела од раката на ловецот и како птица од рацете на птичарот. 6 Оди при мравката, о мрзливецу набљудувај ги нејзините патишта и биди мудар: 7 Таа нема водич, надзорник ни настојник, 8 се грижи за храната лете и прибира јадење во време на жетвата. 9 А ти, мрзливецу, до кога ќе спиеш? Кога ќе се разбудиш од својот сон? 10 Уште малку поспиј, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за одмор, 11 и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и твојата скудност како вооруженик. 12 Лукавиот човек, нечесниот човек, оди со лажлива уста, 13 намигнува со очите, тропа со нозете, покажува со прстите; 14 измамите му се во срцето, сонува зло во секое време, сее раздори. 15 Затоа пропаста ќе му дојде одненадеж, и во миг ќе се скрши и нема да му има лек. 16 Шест нешта мрази Господ, а седум се гнасни на Неговата душа: 17 Горделиви очи, лажлив јазик, раце што пролеваат невина крв, 18 срце што замислува грешни мисли, нозе што итаат на зло, 19 лажен сведок, кој шири лага, и човек кој сее раздори меѓу браќата. 20 Сине мој, пази ги заповедите на својот татко и не отфрлај ја науката на својата мајка. 21 Врзи ги за своето срце засекогаш, завиткај ги околу своето грло; 22 за да те водат кога одиш, да те чуваат кога спиеш, и да разговараат со тебе кога ќе се разбудиш. 23 Зашто заповедта е светилник, законот е светлина, опомените на изобличувањата се пат кон животот; 24 за да те чуваат од зла жена, од ласкавиот јазик на туѓинката. 25 Не посакувај ја во своето срце нејзината убавина, и не оставај да те освои со своите клепки, 26 зашто поради блудница човек се понижува и за парче леб, додека прељубницата лови скапоцен живот. 27 Може ли некој да носи оган во пазувите, а да не му се запали облеката? 28 Може ли некој да оди по вжарени јаглени, а да не си ги изгори своите нозе? 29 Така биднува со оној кој оди при жената на својот ближен: Не ќе остане без казна оној што ќе се допре до неа. 30 Не го срамат ли крадецот, па иако крадел за да го смири гладот: 31 Фатен, тој враќа седмократно и плаќа со сиот имот на својата куќа. 32 И така, неразумен е оној, кој се впушта со прељубница, својата душа ја губи кој прави така. 33 Ќе дојде посрамување и срам, и неговиот срам не се брише никогаш. 34 Зашто бесна е љубоморноста во мажот: тој не знае за милост во одмаздничкиот ден; 35 не се согласува на никаков откуп, и не прима дарови, колку и да му дадеш.
1 Сине мој, чувај ги моите зборови и запази ги моите заповеди при себеси. 2 Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив, и мојата поука како зеницата на своето око. 3 Заврзи ги на своите прсти, запиши ги врз плочата на своето срце; 4 речи и на мудроста: „Моја сестра си”, и разумот наречи го роднина, 5 за да те чуваат од жена прељубница, од туѓинка која зборува ласкаво. 6 Кога бев еднаш при прозорецот на својата куќа и гледав надвор, низ решетката, 7 видов меѓу лесноумните, забележав меѓу момчињата неразумен младец: 8 Поминуваше по улицата покрај нејзиниот агол, и чекореше по патот кон нејзината куќа, 9 во примрак, меѓу денот и вечерта, кога се спушта ноќната темнина. 10 И ете, го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето. 11 Беше тврдоглава и разуздана, нејзините нозе не застануваа дома; 12 беше час на улиците, час на раскрсниците, и дебнеше при секој агол. 13 И го фати и го пољуби, и му рече, со безобразно лице: 14 „Бев должна да принесам помирителна жртва и денес го исполнив својот завет; 15 затоа ти излегов во пресрет, да те барам, и те најдов. 16 Своето легло го послав со килими, со везени египетски покривачи; 17 својата постела ја намирисав со смирна, алој и канела. 18 Ајде да се ситиме со нежности до утрото и да се насладуваме во љубовта. 19 Зашто мојот маж не е дома, отиде на далечен пат; 20 зеде со себе ќесе со сребро, а ќе се врати дома одвај при полната месечина.” 21 Така го заведе со своето наговарање, го одвлече со своите мазни усни. 22 И тој тргна лудо по неа, како што волот оди на кланица и како што еленот, заплеткан во мрежата, чека 23 додека стрелата не му го прониже црниот дроб, и како птицата што влетува во клопката, и не знаејќи дека тоа ќе ја чини животот. 24 Затоа, сине мој, послушај ме, и чуј ги зборовите на мојата уста: 25 Нека твоето срце не застранува по нејзините патишта, и нека не скита по нејзините патеки, 26 зашто мнозина ги рани смртно и ги падна, и мнозина се оние што ги уби. 27 Патиштата низ нејзината куќа водат во пеколот, долу во собите на смртта.
1 Не проповеда ли мудроста, и не подига ли го својот глас разумот? 2 На врвот на ридот, покрај патот, на раскрниците стои; 3 при излезот од градот крај влезните врати, таа вика гласно: 4 „Вам ви проповедам, о луѓе, и го насочувам својот глас кон човечките синови! 5 Сфатете ја мудроста, вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето. 6 Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право, 7 зашто мојот јазик ја зборува вистината, а нечесноста е гнасна за моите усни. 8 Сите зборови на мојата уста се праведни, во нив нема ништо ни криво ни лукаво. 9 Сите тие се јасни за разумниот и праведни се за оној, кој придобил знаење. 10 Примајте ја мојата поука а не сребро, и знаењето е подобро од златото. 11 Зашто мудроста е поскапоцена од бисери, и никакви скапоцености не можат да се споредат со неа. 12 Јас, мудроста живеам со разумот и имам расудувачко знаење. 13 Стравот од Господа е омраза кон злото. Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста, патот на лошото и уста полна со лаги. 14 Мои се советот и здравото мислење, јас сум разум, и моја е силата. 15 Преку мене царевите царуваат и началниците делат правда. 16 Преку мене кнезовите кнезуваат и големците и сите земни судии. 17 Јас ги љубам оние кои ме љубат мене, и ме наоѓаат кои ме барат. 18 Богатството и славата се во мене, постојаното добро и справедливоста. 19 Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато, и мојот приход е подобар од чистото сребро. 20 Јас чекорам по патот на правдата, среде справедливите патеки, 21 да им дадам имот на оние кои ме љубат и да ги наполнам нивните сокровишта. 22 Господ ме имаше во почетокот на Својот пат, пред Своите созданија, многу одамна. 23 Вообличена сум уште од вечноста, од почеток, пред создавањето на земјата. 24 Се родив кога уште немаше бездни, додека немаше извори на изобилни води. 25 Се родив пред да бидат основани горите, пред бреговите; 26 кога уште не ги имаше создадено земјата ни полињата, ни почетокот на земниот прав. 27 Кога ги создаваше небесата, бев присутна, кога распростираше свод над лицето на бездната; 28 кога ги зацврстуваше облаците во височината и кога ја одреди силата на изворот на прадлабочината. 29 Кога му ги поставуваше на морето неговите граници, за да не му се прелеат водите преку бреговите, кога ги поставуваше основите на земјата, 30 бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време: 31 Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови. 32 Така, деца, послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта. 33 Послушајте ја поуката, за да добиете мудрост и не ја отфрлајте. 34 Блазе му на човекот што ме слуша, и бдее пред моите врати секој ден, и кој ги чува моите довратници. 35 Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа. 36 А ако згреши кон мене, и пакости на својата душа: Сите што ме мразат мене, ја љубат смртта.”
1 Мудроста си изгради дом и изделка седум столбови. 2 Ги искла своите животни, го измеша своето вино и го сложи својот стол. 3 Ги испрати своите слугинки да објават од градските височини: 4 „Кој е глупав, нека наврати ваму!” А на неразумните им говори: 5 „Дојдете, јадете од мојот леб и пијте вино, што го измешав; 6 оставете ја лудоста, за да живеете, и одете по патот на разумот. 7 Кој поучува подбивач, добива срам, и кој кори нечесен, се валка себе си. 8 Не изобличувај го потсмевачот, за да не те замрази, кори го мудриот за да те засака. 9 Поучи го мудриот, и ќе биде уште помудар; упати го праведниот, и ќе се зголеми неговото знаење. 10 Стравот од Господа е почеток на мудроста и познавањето на Светиот е разум. 11 Преку Мене ти се умножуваат деновите и ти се множат годините на животот. 12 Ако си мудар, за себе си мудар; ако бидеш потсмевач, самиот ќе поднесуваш.” 13 Безумната жена е немирна, проста е и не знае ништо. 14 Седи при вратата на својата куќа на столица, во градските височини, 15 па ги повикува оние, кои поминуваат по патот, кои одат право по своите патеки: 16 „Кој е неискусен, нека наврати ваму!” и на неразумниот му говори: 17 „Крадената вода е слатка, и пријатно е да се јаде леб скришно.” 18 А тој не знае дека мртвите се таму, дека нејзините гости се во длабочините на пеколот.
1 ословици Соломонови: Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка. 2 Не ползува ништо нечесно богатство, додека праведноста избавува од смрт. 3 Господ не остава да гладува душата на праведниот. но ја отфрла лакомоста на нечесните. 4 Мрзливата рака го осиромашува човекот, а трудољубивата го збогатува. 5 Кој собира лете, разумен син е, а кој спие во жетвата донесува срам. 6 Благословите се над главата на праведникот, а устата на нечесните кријат насилство. 7 Благословен е праведниковиот спомен, а името на нечесниот ќе изгние. 8 Кој е со мудро срце, прима заповеди, додека брбливиот безумник пропаѓа. 9 Кој живее непорочно, оди без страв, а кој оди по криви патишта, ќе се познае. 10 Кој намигнува со окото, задава тага, а кој зборува лудо, пропаѓа. 11 Устата на праведниот се извор на живот, а устата на нечесниот крие насилство. 12 Омразата предизвикува раздор, а љубовта ги покрива сите погрешки. 13 Во усните на разумниот се наоѓа мудрост, а стапот е за плеќите на неразумниот. 14 Мудрите го кријат знаењето, а устата на неразумните е близу до пропаста. 15 Имотот на богатиот му е укрепен град, а на сиромашните сиромаштвото е нивна погибел. 16 Праведниот печали за живот, а нечесниот печали за грев. 17 Кој се придржува до поуките, е на патот на животот, а кој го отфрла укорот се заблудува. 18 Лажливите усни ја кријат омразата, а кој шири клевети - безумен е! 19 Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е. 20 Праведниковиот јазик е одбрано сребро, а срцето на нечесниот е безвредно. 21 Усните на праведниот се храна на мнозина, а глупавите умираат од недостаток на разум. 22 Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака. 23 За безумниот е радост да направи срамно дело, а за разумниот да биде мудар. 24 Од што се плаши нечесниот, тоа ќе го најде, а желбата на праведниот се исполнува. 25 Како виорот што поминува, така го снемува нечесниот, а праведникот има вечна основа. 26 Какви се киселината за забите и димот за очите, таков е мрзливецот за оние што го праќаат. 27 Стравот од Господа ги умножува деновите, а на нечесните им се скратуваат годините. 28 Надежта на праведните е полна со радост, а надежта на нечесните пропаѓа. 29 Господовиот пат е закрила на праведникот, а пропаст за оние што прават зло. 30 Праведникот никогаш нема да се поколеба, а нечесните ќе ги снема од лицето на земјата. 31 Од устата на праведникот блика мудрост, а лажливиот јазик ќе биде отсечен. 32 Усните на праведникот знаат што е благопријатно, додека устата на нечесните што е злобата.
1 Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна. 2 Со гордоста доаѓа срамот, а мудроста е во смирените. 3 Праведните ги води нивната невиност, а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство. 4 Богатството не помага во денот на Божјиот гнев, а правдата избавува од смрт. 5 На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност. 6 Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба. 7 Кога лошиот човек умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат. 8 Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место. 9 Лицемерот го убива, со устата, својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење. 10 Градот се радува на успехот на праведниците и воскликнува заради пропаста на нечесниот. 11 Со благословот на праведните градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува. 12 Неразумникот го презира својот ближен, додека умниот човек молчи. 13 Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната. 14 Каде нема раководство народот пропаѓа, а при многу советници, тој се избавува. 15 Многу лошо поминува кој емчи за друг, а без страв е кој го мрази емството. 16 Благочестивата жена придобива слава, а трудољубивите мажи богатство. 17 Милостивиот човек сам си прави добро, а жестокиот го измачува сопственото тело. 18 Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а кој сее правда, има сигурна награда. 19 Кој е цврст во справедливоста, оди во живот, а кој трчи по злото, за смрт му е. 20 Одвратни му се на Господа нечесните во срцето, а непорочните во патот му се благоугодни. 21 Навистина, зол човек не ќе помине без казна, а потомството на праведникот ќе се избави. 22 Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум. 23 Праведничката желба е само добро, а очекувањето на нечесните гнев. 24 Кој дели изобилно, сè повеќе има, а кој скржави сè е посиромашен. 25 Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои. 26 Кој не дава жито, народот го колне, а благословот е над главата на оној што го продава. 27 Кој се стреми кон добро, наоѓа милост, а кој оди по злото, тоа ќе го снајде. 28 Кој се надева на богатство, пропаѓа, а праведните ќе цветат како зелено лисје. 29 Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер, а неумниот му е слуга на умниот по срце. 30 Праведниковиот плод е дрво на животот, а мудрец е, кој придобива души. 31 Ако на праведникот му се плаќа за заслуженото на земјата колку повеќе на нечесниот и на грешниот.
1 Кој ја љуби поуката, го љуби знаењето, а кој го мрази укорувањето неук е. 2 Добриот добива милост од Господа, а подмолниот осуда. 3 Човекот не се зацврстува со беззаконие, а коренот на праведникот не се помрднува. 4 Добродетелната жена е венец на својот маж, а срамотната е како гнилеж во неговите коски. 5 Мислите на праведните се справедливи, а сплетките на нечесните се измамливи. 6 Зборовите на нечесните се заседа за крвопроливање, а праведните ги избавува нивната уста. 7 Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема, а домот на праведникот останува. 8 Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум, а опакиот во срцето ќе биде презрен. 9 Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб. 10 Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо. 11 Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е. 12 Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод. 13 На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда. 14 Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати. 15 На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети. 16 Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот. 17 Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата. 18 Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување. 19 Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг. 20 Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети. 21 Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло. 22 Одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина. 23 Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост. 24 Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат кон подложност. 25 Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели. 26 Праведникот го води својот пријател, а нечесните ги заблудува нивниот пат. 27 Мрзливиот нема да го улови својот лов, а трудољубието е скапоцено благо за човекот. 28 Животот стои врз патеката на правдата, и на нејзиниот пат нема смрт.
1 Мудриот син ја слуша татковата поука, а потсмевачот не го слуша изобличувањето. 2 Од плодот на својата уста човекот ја ужива добрината, а срцето на беззакониците е полно со насилство. 3 Кој ја пази својата уста го пази својот живот, а кој зборува невнимателно, за главата му е. 4 Душата на мрзливиот сака но без успех, а ќе се исполни желбата на трудољубивите. 5 Праведникот мрази лажлив збор, а нечесниот постапува нечесно и срамно. 6 Правдата го чува непорочниот во патот, а гревот го сосипува грешникот. 7 Некој се преправа на богат, а нема ништо; некој се преправа на беден, а има големо богатство. 8 Со своето богатство човекот го откупува животот, а бедниот не ги слуша заплашувањата. 9 Светлината на праведните секогаш е радост, а светилката на нечесниот гаси. 10 Гордоста раѓа само препирки, а мудроста е во оние, кои примаат совет. 11 Со измама придобиено богатство исчезнува, а кој собира со труд, го умножува. 12 Одложуваната надеж го изнемоштува срцето, а исполнетата желба е дрво на животот. 13 Кој го презира словото, тој пропаѓа, а кој ги почитува заповедите, добива плата. 14 Поуката на мудриот е животен извор, таа избавува од примките на смртта. 15 Добриот разум прибавува пријатност, а патот на беззакониците е нерамен. 16 Секој умен дејствува промислено, а безумникот се фали со својата лудост. 17 Лошиот гласник паѓа во зло, а верниот пратеник донесува исцеление. 18 Сиромаштија и срам ќе дојде за оној, кој ја отфрла поуката, а кој го прима укорот ќе дојде до чест. 19 Слатка и е на душата исполнетата желба, а на безумниците им е омразено да се отстрануваат од злото. 20 Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош. 21 Злото ги гони грешниците, а доброто е награда на праведните. 22 Добриот човек го остава наследството на своите внуци, а богатството на грешникот се чува за праведникот. 23 Изобилно храна има на нивата на сиромасите, а има и кој пропаѓа од неправеден суд. 24 Кој ја штеди прачката, го мрази својот син, а кој го љуби, го казнува на време. 25 Праведикот има јадење до ситка, а стомакот на нечесните ја познава скудноста.
1 Мудрата жена го изградува нејзиниот дом, а лудата го разурнува со рацете. 2 Кој живее од чесност, се бои од Господа, а кој оди по страничен пат, Го презира. 3 Во устата на лудиот е прачката за неговата гордост, а мудроста ја пазат сопствените усни. 4 Каде нема волови, јаслите се празни, а жетвата е изобилна од силата на воловите. 5 Вистинскиот сведок не лаже, а лажниот сведок шири лага. 6 Потсмевачот бара мудрост и не ја наоѓа, а разумниот лесно доаѓа до знаење. 7 Оди си од безумниот човек, зашто нема да запознаеш усни што зборуваат знаење. 8 Мудроста на мудриот човек е во тоа: што внимава на својот пат, а глупоста на безумникот е заблуда. 9 На лудите гревот им е шега, а среде праведните е Божјата наклонетост. 10 Срцето ја познава својата душевна мака, и неговата радост не може да ја дели никој друг. 11 Домот на нечесните ќе пропадне а живеалиштето на праведниците ќе процвета. 12 Некој пат му се чини на човекот прав, а на крајот води кон смртта. 13 И во смеата срцето чувствува болка, а после веселбата доаѓа тага. 14 Лукавиот се сити со своите престапи, а добриот човек со својот труд. 15 Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор. 16 Мудриот се бои и се отклонува од злото, а безумниот се распалува и е смел. 17 Избувливиот човек прави лудости, и зломисленикот ќе биде замразен. 18 Глупавите ја наследуваат лудоста, а мудрите ги овенчува знаењето. 19 Лошите се поклонуваат пред добрите, и нечесните пред вратите на праведникот. 20 Сиромавиот им е омразен и на своите пријатели, а богатиот има многу другари. 21 Греши кој го презира својот ближен, а блазе на оној кој е милостив кон сиромасите. 22 Не одат ли по заблуда оние што смислуваат зло? А зар не се добрината и верноста со оние што смислуваат добро. 23 Од секој труд има полза, а од брбливоста на усните само сиромаштво. 24 На мудрите венец им е нивното богатство, а глупоста на безумните е нивната лудост. 25 Вистинскиот сведок избавува души, а лажниот сведок истура лаги. 26 Во стравот од Господа е голема верба, и е прибежиште за неговите синови. 27 Стравот од Господа е извор на животот; Тој избавува од стапицата на смртта. 28 Многуброен народ е слава за царот, а без луѓе владетелот пропаѓа. 29 Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост. 30 Тивкото срце е живот на телото, а љубомората е гнилеж во коските. 31 Кој го угнетува бедниот, го навредува неговиот Творец, а кој е милостив кон бедниот Го почитува. 32 Нечесниот пропаѓа заради сопствената пакост, а праведникот и при самата смрт наоѓа засолниште. 33 Мудроста почива во разумно срце, а што е во безумниот тоа и се покажува. 34 Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите. 35 Царската наклонетост е кон разумниот слуга а неговиот гнев - против оној кој го срами.
1 Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот. 2 Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост. 3 Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите. 4 Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот. 5 Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен. 6 Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст. 7 Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано. 8 Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните. 9 Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата. 10 Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето. 11 И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови. 12 Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите. 13 Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот. 14 Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост. 15 За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано. 16 Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него. 17 Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата. 18 Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата. 19 Патот на мрзливиот е како глогово трниште, а патеката на праведникот е разгазена. 20 Мудриот син го весели таткото, а безумниот ја презира својата мајка. 21 Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право. 22 Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници. 23 Човекот се радува на одговорот на својата уста, и зборот во право време колку е добар! 24 За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот, што е долу. 25 Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата. 26 Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили. 27 Користољубивиот го разурнува својот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее. 28 Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба. 29 Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните. 30 Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските. 31 Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците. 32 Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум. 33 Стравот од Господа е училиште на мудроста, зашто смиреноста оди пред славата.
1 Човекот смислува во срцето, а од Господа е што ќе одговори јазикот. 2 На човекот сите негови патишта му изгледаат чисти, а Господ ги испитува духовите. 3 Препушти му ги на Господа своите дела, и твоите намери ќе се сигурни. 4 Господ создаде сè за сопствена цел, па и нечесниот за денот на злото. 5 Омразен Му е на Господа секој со гордо срце, таков навистина не останува без казна. 6 Со милост и вистина се очистува неправдата, и со стравот од Господа се отстранува злото. 7 Кога на Господа Му се мили човековите патишта и неговите непријатели ги помирува со него. 8 Подобро е малку со правда, отколку големи приходи со неправда. 9 Човековото срце го смислува својот пат, но Господ ги управува неговите чекори. 10 Вдахновена одлука е во усните на царот: неговата уста нема да згреши во пресудата. 11 Чесните ваги и премерувањата Му припаѓаат на Господа; сите тегови во торбите се Негово дело. 12 Омразено им е на царевите да се врши беззаконие, зашто престолот се уцврстува со правда. 13 Пријатни им се на царевите праведни усни, и тие го љубат оној кој зборува вистина. 14 Царевиот гнев е вестител на смртта, но мудриот човек го ублажува. 15 Во ведрото лице на царот е живот, и неговата милост е како облак со пролетен дожд. 16 Пополезно е да се стекне мудрост, отколку злато, и придобивањето на разум е поскапоцено, отколку среброто. 17 Патот на праведните е: да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот. 18 Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето. 19 Подобро е да се биде кроток со понизните, отколку да се дели плен со горделивите. 20 Кој внимава на зборот, наоѓа добро, и кој се надева на Господа, блажен е. 21 Мудриот во срцето се наречува разумен, и слаткото зборување го зголемува знаењето. 22 Разумот е извор на живот на оние што го имаат, а на безумните им е казна нивната глупост. 23 Срцето на мудрецот ја вразумува неговата уста; му го умножува знаењето на усните. 24 Љубезните зборови се мед во саќи, сладост на душата и лек на коските. 25 Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта. 26 Гладот на трудбеникот работи за него, зашто го тера неговата уста. 27 Никаквецот приготвува само зло и во усните му е пламенен оган. 28 Лукавиот човек сее раздор, и клеветникот ги разделува најверните пријателите. 29 Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на лош пат. 30 Кој намигнува со очите, смислува опакост, а кој ги стиска усните, веќе смислил пакост. 31 Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата. 32 Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град. 33 Во пазувата се фрла жрепката, но од Господа е секоја одлука.
1 Подобро е залаг сув леб во мир, отколку куќа со расправии, полна со печена жртва. 2 Разумниот слуга владее над синот на срамот и ќе дели наследството со браќата. 3 Топилницата е за сребро, а печката за златото, а самиот Господ го испитува срцето. 4 Злочинецот ги слуша лажливите усни, а лажливецот го прислушкува погубувачкиот јазик. 5 Кој му се потсмевнува на сиромашниот, Му се потсмевнува на неговиот Создател, и кој се радува на несреќата, не останува без казна. 6 Внучињата се венец на старците, а синовите се слава на нивните татковци. 7 Не му прилега на лудиот возвишена беседа, а уште помалку на началникот лажливи усни. 8 Подарокот е драгоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се заврти, успева. 9 Кој го прикрива престапот, бара љубов, а кој шири клеветнички гласови, ги скарува и најинтимните пријателите. 10 Изобличувањето го притиска разумниот повеќе, отколку сто удари безумниот. 11 Лошиот човек оди сам по злото, но жесток гласник се испраќа против него. 12 Подобро е да нагазиш на мечка, чии мечиња се грабнати, отколку на безумник во неговата лудост. 13 Кој враќа зло за добро, не ќе ја отстрани несреќата од својот дом. 14 Започнувањето на караница е исто како да се пушти поплава, и затоа пред да избувне караница оддалечи се! 15 Кој го оправдува виновникот и кој го осудува правиот, двајцата Му се омразени на Господа. 16 Зошто е богатството во рацете на безумникот за да купи мудрост со нив, кога нема разум!? 17 Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат. 18 Неразумниот човек дава рака и емчи пред својот ближен. 19 Гревот го љуби кој ја љуби препирката, и кој ја издига високо својата врата, бара пропаст. 20 Опакиот во срцето не наоѓа добро, и кому јазикот му е лош, западнува во несреќа. 21 Кој ќе роди безумник, на тага му е; а не е весел ни таткото на лудиот. 22 Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските. 23 Нечесниот прима подарок од под пазуви, за да ги искриви патиштата на правдата. 24 Разумниот ја има мудроста пред себе, а очите на безумниот се кон крајот на земјата. 25 Безумниот син е грижа на татка си и жалост на својата мајка. 26 Не чини да биде казнуван праведникот, а не е право ни да бидат биени благородните. 27 Разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен. 28 И глупецот се смета за мудар кога молчи, и за разумен, кога ги воздржува своите усни.
1 Себичниот ја сака само својата желба; и се противи на секое здраво расудување. 2 Глупецот нема наслада во знаењето, нему му е само да си го искажува срцето. 3 Кога доаѓа нечесниот, доаѓа и презирот, а со нечесноста доаѓа прекорот. 4 Зборовите од човечката уста се длабоки води, извор на мудрост - порој што се разлива. 5 Не е добро: да се обѕира на нечесна личност, да му се нанесе неправда на праведникот во судот. 6 Безумниковите усни се впуштаат во препирки, и неговата усна предизвикува удари. 7 Сопствената уста е пропаст за безумниот, и усните му се примка за неговата душа. 8 Клеветниковите зборови се како слатки: се спуштаат до дното на утробата. 9 Кој е негрижлив во својата работа брат му е на расипникот. 10 Господовото име е цврста кула: праведникот прибегнува кон него и наоѓа засолниште. 11 Имотот на богатиот е утврден град, и како висок ѕид во неговото мечтаење. 12 Пред загинувањето се гордее човековото срце, а пред славата оди смиреноста. 13 Кој одговара пред да чуе, тоа му е лудост и срам. 14 Кога е човекот болен неговиот дух го подига, а поразениот дух, кој може да го подигне? 15 Разумното срце придобива знаење, и увото на мудрите бара знаење. 16 Подарокот му отвора пат на човекот и го води пред големците. 17 Кој прв го заштитува своето дело се чини дека е прав, а кога ќе дојде неговиот сосед го испитува. 18 Жрепката ги прекратува споровите, и одлучува меѓу силните. 19 Навредениот брат е појак од цврст град, и расправите се како лостови на тврдина. 20 Секој го наситува желудникот со плодот на својата уста, се наситува со родот на своите усни. 21 Смртта и животот се во власта на јазикот, а кој го милува, јаде од неговиот плод. 22 Кој нашол добра жена, ја нашол среќата и добил милост од Господа. 23 Бедниот зборува молејќи понизно, а богатиот одговара грубо. 24 Има пријатели кои водат во пропаст, а има и пријател поприврзан од брат.
1 Подобар е сиромавиот кој живее во непорочност, отколку човек со нечесни усни и при тоа и безумен. 2 Ревносна душа без разумност не е добра, и кој оди брзо, се сопнува. 3 Безумието го расипува животот на човекот, а срцето му се лути на Господа! 4 Богатството прибавува многу пријатели, а бедниот го остава и неговиот пријател. 5 Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, нема да избега. 6 Мнозина му ласкат на лицето на дародавецот, и секој му е пријател на дарежлив човек. 7 Бедниот го мразат сите негови браќа, уште повеќе се оддалечуваат од него, неговите пријатели. Тој копнее за добри зборови, но не ги наоѓа. 8 Кој стекнува разумност, си ја сака душата, а кој го чува разумот, наоѓа среќа. 9 Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, ќе пропадне. 10 Не му прилега на безумен да живее раскошно, уште помалку на слуга да владее над кнезовите. 11 Благоразумието го запира човекот од гнев, и чест му е да ја прости грешката. 12 Гневот на царот е како рикање на лав, а неговата благонаклонетост како роса на трева. 13 Безумниот син е несреќа за својот татко, и женините препирки се постојано прокиснување. 14 Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а благоразумната жена е од Господа. 15 Мрзливоста навлекува врз човекот длабок сон, и неработливата душа гладува. 16 Кој се придржува до заповедта, го чува својот живот, а кој не внимава на своите патишта умира. 17 На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството. 18 Казнувај го својот син додека има надеж, и не се возбудувај од неговото викање. 19 Кој е јаростен, ќе биде казнет, ако сакаш да му помогнеш ќе направиш полошо. 20 Слушај совет и примај поука, за да станеш мудар во твоите последни денови. 21 Има многу замисли во човековото срце, но што ќе науми Господ, тоа и ќе биде. 22 Чест за човекот е неговото добротворство, и сиромавиот е подобар од лажливецот. 23 Стравот од Господа дава живот, и кој ќе се исполни со него, злото не го посетува. 24 Мрзливецот ја макнува раката во чинијата, но не ја принесува до својата уста. 25 Ако го удриш потсмевнувачот, и простиот ќе се изитри. Ако го изобличиш разумниот, тој ќе го сфати знаењето. 26 Срамен и расипан син е оној, кој го запустува таткото и ја истерува мајката. 27 Престани, сине мој, да ги слушаш поуките што одведуваат од зборовите на сознанието. 28 Нечесниот сведок и се потсмевнува на правдата, и устата на нечесниот ја голта неправдата. 29 Подготвени се казните за потсмевнувачите, и ударите за плеќите на безумните.
1 Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак буен; и кој им се оддава, не е разумен. 2 Царевиот гнев е како лавско рикање; кој го предизвикува, греши против самиот себе. 3 Чест е за човекот да се воздржи од препирка, а кој е безумен, ја почнува препирката. 4 Мрзливиот несака да оре поради зимата, во времето на жетвата тој бара и ништо нема. 5 Советот во човековото срце е длабока вода, и разумниот човек ќе ја исцрпи. 6 Мнозина се наречуваат: добротвори, но кој ќе најде верен човек? 7 Праведникот оди во својата непорочност, блазе им на неговите синови по него! 8 Царот кој седнува на судиска столица, го истражува секое зло со своите очи. 9 Кој може да рече: „Го очистив своето срце, јас сум чист од мојот грев?” 10 Двојните тегови и двојните мерки, двете Му се омразени на Господа. 11 И детето се познава според она што го прави, дали е чисто и праведно неговото дело. 12 И увото што слуша и окото што гледа, Господ ги направи двете. 13 Не сакај го спиењето за да не осиромашиш, отвори ги своите очи, и ќе се наситиш со леб. 14 „Лошо, лошо”, зборува купувачот, а кога ќе си отиде се фали. 15 Има злато и многу бисери, но мудрите усни се најскапоцен накит. 16 Земи му ја облеката на оној кој емчи за друг; ограби го него место туѓинецот. 17 Сладок му е на човекот лебот на измамата, но после устата му се наполнува со песок. 18 Намерите се спроведуваат со совет; затоа размисли добро па води војна! 19 Кој клевети наоколу, открива тајни; затоа не се мешај со оној, кому усните секогаш му се отворени. 20 Кој ги проколнува татко си и мајка си, светилката му се гаси среде густа темнина. 21 Од почетокот набрзина придобиено наследство, на крајот не е благословено. 22 Не зборувај: „Ќе се одмаздам за злото”, остави Му на Господа и Тој ќе те избави. 23 Омразени Му се на Господа двојните тегови, и кривата мерка не чини. 24 Од Господа се човековите чекори, и како може човекот да го разбере својот пат? 25 Стапица е за човекот да рече непромислено: „Ова е свето”, а после да се предомисли што заветувал. 26 Мудриот цар умее да ги просејува нечесните, и ги става под тркала. 27 Човековиот дух е Господова светилка која ја испитува сета внатрешност на срцето. 28 Милоста и верноста го чуваат царот, зашто со милоста го зацврстува својот престол. 29 Убавината на младите е нивната сила, а седата коса е украс на старците. 30 Синилото од биење го очистува злото, а ударите внатрешноста на срцето.
1 Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече; го води каде што сака. 2 Секој пат е праведен за човекот во сопствените очи, а Господ го испитува срцето. 3 Да се извршува правда и да се прави право помило Му е на Господа, отколку жртва. 4 Издигнати очи и горделиво срце и светилка на нечесните, тоа е грев. 5 Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство, а избувливиот трпи сиромаштво. 6 Сокровиште придобиено со лажлив јазик е непостојана суета на оние кои бараат смрт. 7 Нечесните ќе ги одвлече нивното насилство, зашто не сакаат да прават правда. 8 Сплеткан е патот на грешникот, а делото на чистиот човек е право. 9 Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена. 10 Душата на нечесниот го сака злото; во него нема сомилост ни за ближниот. 11 Кога се казнува потсмевачот, простиот станува мудар, а мудрите црпат знаење од поуката. 12 Праведниот Бог го набљудува домот на нечесните, и нечесните ги фрла во несреќа. 13 Кој го затнува своето уво пред викањето на сиромавиот, и самиот ќе вика, но никој не ќе го послуша. 14 Тајниот подарок ја стивнува лутината, а подарокот, под рака, и жестоката јарост. 15 Праведниот суд е радост за праведникот, а ужас за злосторниците. 16 Човек кој свртува од патот на разумот, ќе почива во собранието на мртвите. 17 Кој ја љуби веселбата, станува сиромав, и кој ги сака виното и мирисливото масло, не се збогатува. 18 Нечесниот човек е откуп за праведникот, и безбожникот стапува на местото на праведникот. 19 Подобро е да се живее во пустина, отколку со расправлива и гневлива жена. 20 Драгоцено е благото и маслото во станот на мудриот, а безумниот човек ги растура. 21 Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест. 22 Мудрецот го совладува градот на силните, и ја крши силата на која се надеваат. 23 Кој ги чува својата уста и јазикот, самиот се чува од неволја. 24 На дрскиот и гордиот името му е „потсмевач”, тој работи сè со прекумерна дрскост. 25 Мрзливиот го убива неговата желба, зашто неговите раце одбиваат да работат. 26 Нечесниот по цел ден лакоми, а праведникот дава и не штеди. 27 Омразена е жртвата на нечесните, особено кога се принесува со лукавство. 28 Лажливиот сведок пропаѓа, а човек кој слуша, ќе говори секогаш. 29 Нечесните покажуваат дрско лице, а чесниот внимава на својот пат. 30 Нема мудрост, и нема разум, и нема совет, против Господа. 31 Коњот се подготвува за денот на бојот, но победата е од Господа.
1 Добро име е подобро од големо богатство, и подобра е милоста од сребро и злато. 2 Богатиот и сиромавиот се сретнуваат: Господ ги создаде двајцата. 3 Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна. 4 Наградата за понизност е: страв од Господа, богатство, слава и живот. 5 Трње и примки се на патот на измамникот; кој го чува својот живот, далеку е од двете. 6 Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него. 7 Богатиот владее над бедните, а должникот е слуга на позајмувачот. 8 Кој сее неправда - жнее жалост, и прачката на неговиот гнев ќе го удри него - самиот. 9 Милостивото око бидува благословено, зашто дава од својот леб на бедниот. 10 Истерај го потсмевачот и ќе прекрати раздорот, и ќе исчезнат неслогата и навредата. 11 Тој кој љуби чисто срце, и кој има љубезни усни, царот му е пријател. 12 Господовиот поглед го чува знаењето, а Тој ги отфрлува зборовите на неверникот. 13 Мрзливецот вели: „Лавот е надвор, би ме убил среде улицата.” 14 Устата на блудницата е длабока јама, и на кого се лути Господ, паѓа таму. 15 Глупоста се прилепува до срцето на детето, прачката на поуката ја отстранува од него. 16 Кој го угнетува бедниот за да се збогати, и кој дава на богатиот - ќе осиромашат. 17 Беседи на мудреците: наведни го увото и чуј го моето слово и земи го при срце моето знаење, 18 зашто е пријатно ако ги пазиш во твојата внатрешност и ако ти бидат на твоите усни. 19 За да биде твојата надеж во Господа, денес те поучувам и тебе. 20 Ти напишав триесет пати што совети, што поуки, 21 за да те поучам на зборовите на вистината, да можеш со веродостојни зборови да му одговориш на оној, кој ќе те запраша. 22 Не ограбувај го бедниот зашто е беден, и не гази го сиромашниот во судот, 23 зашто Господ ќе го заштитува делото нивно, и ќе им го одземе животот на оние што ним им го одземаат. 24 Не спријателувај се со гневлив, и не оди со бесен човек, 25 за да не свикнеш на неговите патишта и да не наместиш стапица за својата душа. 26 Не биди меѓу оние што даваат рака, кои емчат за долгови; 27 ако немаш со што да надоместиш, зошто да ти ја одземат и постелата од под тебе? 28 Не преместувај ги старите меѓи, што ги поставија твоите татковци. 29 Дали си видел човек трудољубив во својата работа? Таквиот има пристап при царевите и не им служи на простаците.
1 Кога ќе седнеш да јадеш со началник, внимавај добро што е пред тебе; 2 стави си нож под грлото ако си ненаситник. 3 Не посакувај ги неговите слатки јадења, зашто се измамливи гозби. 4 Не труди се да придобиеш богатство, откажи се од таквата мисла; 5 насочиш ли ги очите кон него, него веќе го нема, зашто си направило крилја како орел и летнало кон небото. 6 Не јади јадења на завидливиот, не копнеј по неговите слатки јадења, 7 зашто тој е таков како што мисли во себеси: „Јади и пиј”, ти вели, но неговото срце не е со тебе. 8 Залокот што си го изел, ќе го повратиш, напразно ќе ги изгубиш своите љубезни зборови. 9 Не зборувај пред безумник, зашто ги презира твоите умни зборови. 10 Не преместувај ги старите меѓи и не навлегувај во нивата на сираците, 11 зашто е моќен нивниот Заштитник, ќе го брани нивното право против тебе. 12 Сврти го своето срце кон поуката и своето уво кон мудри зборови. 13 Не лишавај му ја на детето опомената, зашто, ако го удриш со прачка, нема да умре; 14 го биеш со прачка, ама му ја избавуваш душата од пеколот. 15 Сине мој, кога ти е срцето мудро и јас се радувам од срце; 16 и ќе воскликнува сета моја внатрешност, кога твоите усни зборувааат што е право. 17 Нека твоето срце не им завиди на грешниците, туку нека секогаш ти биде во страв од Господа; 18 зашто ќе имаш иднина, и твојата надеж нема да пропадне. 19 Слушај, сине мој, и биди мудар и води го твоето срце по рамен пат. 20 Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите, 21 зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали. 22 Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари. 23 Купувај вистина и не ја продавај, придобивај мудрост, поука и разум. 24 Многу ќе се радува таткото на праведникот, и кој раѓа мудар син ќе има милина во него. 25 Нека се веселат татко ти и мајка ти, и нека се радува твојата родителка. 26 Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите патишта, 27 зашто блудницата е длабока јама, и туѓинката тесен кладенец. 28 Таа дебне во заседа како крадец и го зголемува бројот на безбожниците меѓу луѓето. 29 Кому ах? Кому: леле? Кому: препирки? Кому: воздишки? Кому: рани за ништо? Кому: заматени очи? 30 На оние што седат доцна покрај виното, што дошле да го испитуваат зачинетото вино. 31 Не гледај на виното кога се црвенее, кога се прелева светливо во чашата: се пие така глатко, 32 а на крај каснува како змија и жилосува како змија лутица. 33 Твоите очи ќе гледаат туѓи жени и срцето ќе зборува развратно. 34 И ти ќе бидеш како да лежиш среде морето или како да седиш на врвот на јарбол. 35 „Ме избија, ама не ме заболе, ме претепаа, ама не почувствував; кога ќе отрезнам, уште ќе барам.”
1 Не завиди им на нечесните луѓе, ниту посакувај да бидеш со нив, 2 зашто нивното срце смислува насилство и усните зборуваат за зло. 3 Со мудрост се гради куќа, и со разумност се утврдува, 4 и преку знаење се полнат собите со секакви благопријатни и скапоцени богатства. 5 Мудриот човек се зацврстува, и човек со знаење расте во сила. 6 Зашто со размислување се оди во војна, и победата е од многу советници. 7 За безумниот мудроста е превисока, затоа на судот не ја отвора својата уста! 8 Кој смислува зло, се вика подмолен сплеткар. 9 Мислата на безумникот е грев, и потсмевачот им е омразен на луѓето. 10 Ако покажеш малодушност во ден на беда, твојата сила е мала. 11 Избави ги оние кои ги влечат во смрт, и спасувај ги оние што одат на губилиште. 12 Ако речеш: „Не знаевме за тоа, не разбира ли Оној, кој ги испитува срцата? И не знае ли Оној, Кој ти ја чува душата? И не плаќа ли Тој секому според неговите дела? 13 Јади мед, сине мој, зашто е пријатен, и саќите се слатки на твоето грло, 14 така е знај, и мудроста за твојата душа: ако ја најдеш, ја најде иднината, и твојата надеж нема да пропадне. 15 Не поставувај нечеснику, заседа на праведниковото живеалиште; не прави насилство на неговото мирно престојувалиште; 16 зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува, а нечесните пропаѓаат во несреќа. 17 Не се радувај кога ќе падне твојот непријател, и не воскликнувај со срцето кога ќе се подлизне, 18 за да не види Господ и за да не го земе тоа за зло, па да го сврти Својот гнев од него кон тебе. 19 Не се гневи заради злочинците, не им завиди на нечестивите, 20 зашто лошиот човек нема иднина, светилката на нечесните гасне. 21 Бој се од Господа, сине мој, и од царот: и не се дружи со променливи луѓе, 22 зашто одненадеж доаѓа нивната погибел; и кој знае кога бедата ќе дојде од обата? 23 И ова е од мудреците: Не чини да се биде пристрасен на суд. 24 Кој му вели на нечесниот: „Праведен си!” Ќе го проколнуваат народите и ќе го мразат племињата; 25 а оние што го укоруваат, ќе бидат возљубени и врз нив ќе дојде благословот. 26 Кој одговара чесно, љуби во уста. 27 Сврши ја својата работа надвор и приготви ја својата нива, потоа изгради ја и својата куќа. 28 Не сведочи лажно против својот ближен; зар ќе мамиш со своите усни? 29 Не зборувај: „Како што тој ми направи мене, така ќе му направам и јас нему; ќе му платам на тој човек според неговото дело!” 30 Поминував покрај нивата на некој мрзливец, и покрај лозјето на некој безумник; 31 и ете, сè беше зарастено во коприви, трњето ја покриле површината, и камената ограда беше разурната. 32 Го видов тоа и го запазив во срцето, разгледав и зедов поука: 33 „Уште малку поспи, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за починка, 34 и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и немаштијата како вооруженик!”
1 И овие се Соломонови поуки, кои ги собраа луѓето на Езекија, царот јудејски: 2 Слава Божја е да крие работа, а царската слава да ја истражува. 3 Неистражливи се: небото во височината, земјата во длабочината и царевото срце. 4 Отстрани ја згурата од среброто и ќе успее работата на златарот. 5 Отстрани го нечесниот од пред царот и неговиот престол ќе се зацврсти во правда. 6 Не воздигнувај се пред царот, и не седнувај на местото на големците, 7 зашто е подобро да ти се рече: „Искачи се горе”, отколку да те понижат пред начелникот. 8 Тоа што ти го видоа очите не го изнесувај пребргу на расправа; зашто што ќе направиш на крајот, кога ќе те засрами и твојот ближен? 9 Реши го спорот со својот ближен, и не откривај ја тајната на друг, 10 за да не те укори кој ќе чуе, и твојот углед срушен да биде. 11 Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови. 12 Мудрецот што изобличува е златен прстен и ѓердан од тенко злато за внимателното уво. 13 Верниот гласник, за оној што го праќа, е како снежна ладовина во време на жетва: тој ја крепи душата на својот господар. 14 Кој се фали со лажлив дар, тој е како облак и ветер без дожд. 15 Со воздржливост се ублажува управител, а мекиот јазик крши и коски. 16 Кога ќе најдеш мед, јади умерено, за да не се прејадеш и да го изблуваш изеденото. 17 Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази. 18 Човек кој сведочи лажно против својот ближен, тој е како палица, и меч, и остра стрела. 19 Безбожничката надеж во денот на неволјата, е како гнил заб и нога што трепери. 20 Како оној што соблекува облека во зимски ден или потурува киселина врз раната, таков е оној што му пее песна на ожалостено срце. 21 Ако е гладен твојот непријател, нахрани го со леб, и ако е жеден, напој го со вода, 22 зашто така му натрупуваш жар на главата, и Господ ќе те награди. 23 Северниот ветер донесува дожд, а потајниот јазик - разгневено лице. 24 Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена. 25 Како студена вода за жедно грло, таква е добрата вест од далечна земја. 26 Како затрупан кладенец и заматен извор, таков е праведникот кој трепери пред нечесниот. 27 Да се јаде многу мед не е добро, ниту да се бара претерана слава. 28 Разурнат град и без ѕидови, таков е човекот, кој нема власт над себеси.
1 Како снег лете или дожд во жетва, така не му прилега честа на безумниот. 2 Како врапчето кога ќе избега и ластовичката кога ќе одлета, така и проклетството, без причина, не се исполнува. 3 Камшик за коњот, узда за ослето, а прачка за плеќите на безумникот. 4 Не одговорувај му на безумниот, според неговата глупост, за да не станеш и самиот еднаков со него; 5 одговори му на безумниот според неговата глупост, за да не се направи сам себеси мудар. 6 Си ги пресечува нозете и пие горчило, кој испраќа порака по безумен. 7 Како што се трепетливите нозе на хромиот, таква е мудрата изрека во устата на безумниот. 8 Како оној што врзува скапоцен камен за прачка, таков е оној кој му искажува чест на безумникот. 9 Како што е трнливата гранка во рацете на пијаницата, таква е мудрата поука во устата на безумниот. 10 Стрелец кој ги ранува сите минувачи: таков е оној кој го главува безумниот. 11 Безумникот се враќа на својата глупост, како што кучето се враќа на својата блувотина. 12 Виде ли човек кој сам себе се прави мудар, знај, и од безумниот има повеќе надеж, отколку од него! 13 Ленивиот вели: „Ѕвер има на патот и лав има по улиците”. 14 Како што вратата се врти на своите стожери, така и мрзливиот на својата постела. 15 Мрзливиот ја натопува раката во чинијата, ама не може да ја принесе до устата. 16 Мрзливиот самиот се прави помудар од седуммина, кои одговараат умно. 17 Пес фаќа за уши кој при поминувањето, се замешува во препирка, што не го засега него. 18 Како безумниот кој фрла гламни, стрели и сее смрт, 19 таков е човекот кој го измамува својот ближен и вели: „Само се шегував”. 20 Кога ќе ги снема дрвата, огнот гасне, и каде веќе нема клеветник, препирките стивнуваат. 21 Јагленот е за жар и дрвата за оган, а препирачот, за да распалува препирка. 22 Клеветниковите зборови се како слатки залаци, се спуштаат до дното на утробата. 23 Ласкави усни со нечесно срце, се како сребрена глеѓ на глинен сад. 24 Мразачот дволичи со своите усни, а во себе носи измама; 25 не му верувај кога зборува со љубезен глас, зашто има седум мерзости во срцето; 26 иако со дволичност ја прикрива омразата, неговата нечесност ќе биде откриена на собранието. 27 Кој копа јама, сам паѓа во неа, и кој тркала камен, врз него ќе се навали. 28 Лажливиот јазик ги мрази своите жртви, ласкавата уста приготвува пропаст.
1 Не фали се со утрешниот ден, зашто не знаеш што може денот да донесе. 2 Нека те фали друг, а не твојата уста, туѓинец - а не твоите усни. 3 Каменот е тежок и песокот е тежок, ама и од двете е потежок безумниковиот бес. 4 Јароста е свирепа и гневот е жесток, но кој ќе и одолее на љубомората? 5 Јавниот укор е подобар, отколку лажната љубов. 6 Ударите од пријателот се искрени, а бакнежите на непријателот, изобилни. 7 Наситената душа го презира медот, а на гладната, и сè горчливо - му е слатко. 8 Како птица далеку од своето гнездо, таков е човекот, кој е далеку од својот роден крај. 9 Како што маслото и мирисот го веселат срцето, така и сладоста на пријателот преку срдечен совет. 10 Не оставај ги: својот пријател, ни татковиот пријател, и не влегувај во братовата куќа, кога си во несреќа; подобар е соседот во близина, отколку братот далеку. 11 Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува. 12 Умниот човек го забележува злото и се засолнува, а глупаците одат безгрижно и страдаат. 13 Земи му ја облеката на оној, кој емчи за друг, и ограби го место туѓинецот. 14 Кој го поздравува својот пријател гласно, а рано наутро, тоа му се смета како клетва. 15 Покривот што прокиснува за време на пороен дожд и препирлива жена - едно исто се, 16 кој неа ја крие, го крие ветерот и фаќа масло со десницата. 17 Железо се остри со железо, и човекот го остри лицето на својот пријател. 18 Кој ја чува смоквата, јаде од нејзиниот плод, и кој го чува својот господар, ќе биде почитуван. 19 Како што во водата се одразува лице од лице, така и срцето го одразува човекот. 20 Смртта и Пропаста не можат да се заситат, а така ни човечките очи. 21 Топилницата е за сребро и печката за злато, а човекот се познава по устата што го фали. 22 Да го истолчиш безумникот со толчник во сад за толчење со зрна, пак неговото безумство нема да го остави. 23 Грижи се внимателно за својот добиток, и грижи се за стадата, 24 зашто богатството не трае довека; ниту круната од колено до колено. 25 Кога тревата никнува и зеленило се покажува и се собира планинското билје, 26 тогаш јагнињата ти се за облека, и јарињата за купување на ниви; 27 тогаш имаш во изобилство козјо млеко за своја храна и за храна на својот дом, и за исхрана на своите прислужнички.
1 Неправедните бегаат и кога никој не ги гони, а праведниците се смели како млад лав. 2 Кога се греши во земјата, управителите и се многу, а со разумен и умен човек управата е постојана. 3 Бедниот човек, кој ги угнетува слабите, е пороен дожд, по кого нема леб. 4 Отстапниците од Законот ги величаат нечесните, а кои го пазат Законот им се противат. 5 Лошите луѓе не ја разбираат правдата, а кои Го бараат Господа, разбираат сè. 6 Подобар е бедниот, кој живее непорочно, отколку богатиот, кој чекори по крив пат. 7 Кој го пази Законот, е разумен син, а кој се дружи со ненаситниците го срамоти татка си. 8 Кој го умножува своето богатство со заемодавство и придобивки, го собира за оној, кој е милостив кон сиромашните. 9 Кој го отклонува своето уво, за да не го слуша Законот, и неговата молитва е омразена. 10 Кој ги заведува чесните на лош пат, ќе падне во својата јама, а чесните ќе го наследат доброто. 11 Богатиот човек се смета мудар за себеси, но разумниот сиромав ќе го разобличи. 12 Голема слава е кога се радуваат праведниците, а кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат. 13 Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост. 14 Блажен е човек, кој секогаш се бои, зашто човек со тврдо срце запаѓа во несреќа. 15 Лав што рика и гладна мечка: таков е опакиот владетел за бедниот народ. 16 Неразумниот управител прави многу насилства, а кој ја мрази лакомоста, живее долго. 17 Човек кој е виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб: не застанувајте го. 18 Кој живее праведно, се спасува, кој оди по криви патишта, пропаѓа на еден од нив. 19 Кој ја обработува својата земја, ќе се насити со леб, а кој трча по суетите, ќе се насити со сиромаштво. 20 Чесниот човек изобилува со благослови, а кој брза по богатство, не останува без казна. 21 Не чини да се биде пристрасен на суд, зашто и за залак леб човекот прави зло. 22 Лакомецот брза по богатството, а не знае дека ќе го стигне скудноста. 23 Кој го изобличува човекот, после ќе најде поголема милост, отколку оној, кој ласка со својот јазик. 24 Кој ги ограбува татка си и мајка си и вели: „Не е грев”, другар му е на разбојникот. 25 Срцето на горделивецот зафаќа препирка, а кој се надева на Господа, ќе напредува. 26 Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро. 27 Кој му дава на бедниот, не трпи скудност; а кој ги одвраќа своите очи, ќе биде проклет. 28 Кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат, а кога пропаѓаат, тогаш се умножуваат праведниците.
1 Човекот кој по опомената останува тврдоглав, во миг ќе се скрши и нема да му има лек. 2 Народот се радува кога се умножуваат праведниците, а народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните. 3 Човек кој ја љуби мудроста, го радува татка си, а кој се дружи со блудниците, го растурува имотот. 4 Царот ја одржува државата со правда, а ја разурнува кој бара подароци. 5 Човек кој му ласка на својот ближен, им простира мрежи на неговите стапки. 6 Во гревот е стапицата за лошиот човек, а праведникот ликува и се весели. 7 Праведникот го разбира правото на бедните, а нечесниот не вникнува за да сфати. 8 Потсмевачите го запалуваат градот, а мудрите го стивнуваат гневот. 9 Кога мудриот спори со безумникот, или да се гневи, или да се смее, сеедно, нема мир. 10 Крвопијците го мразат чесниот, а праведниците се грижат за неговиот живот. 11 Безумникот го излева сиот свој гнев, а мудриот го воздржува. 12 Ако владетелот послуша лажлив збор, сите негови слуги стануваат нечесни. 13 Сиромавиот и дерикожецот се среќаваат, Господ ги просветлува очите на двајцата. 14 Цар кој им суди на бедните според правдата, има цврст престол довека. 15 Прачката и изобличувањето даруваат мудрост, а разузданото дете ја срами својата мајка. 16 Кога се множат нечесните, се множи и беззаконието, но праведниците ја набљудуваат нивната пропаст. 17 Изобличи го својот син, и ќе те успокои и ќе и даде радост на твојата душа. 18 Каде нема откровение пророчко народот се разуздува, а кој го пази Законот е блажен! 19 Само со зборови не се поправува слугата, зашто не се покорува, иако сфаќа со умот. 20 Дали си видел човек брз на зборови? И безумникот има повеќе надеж од него. 21 Кој го мазни својот слуга од детство, после ќе му биде како син. 22 Гневливиот човек предизвикува препирки, а избувливиот човек прави многу гревови. 23 Гордоста го понижува човекот, а смирениот во дух придобива чест. 24 Кој со крадец дели плен, се мрази самиот: слуша проклетства и ништо не открива. 25 Стравот му поставува стапица на човекот, а кој се надева на Господа, наоѓа закрила. 26 Мнозина ја бараат милоста на владетелот, но Господ дели правда секому. 27 Неправедникот им е омразен на праведните, а праведникот е омразен на нечесните.
1 Зборови на Агур, Јаќеев син, од Маса; негово пророштво за Итиел, за Итиел и Укал. 2 Да, преглуп сум за да бидам човек, и немам човечки разум. 3 Не придобив мудрост, и не ги познавам знаењата на Светецот! 4 Кој се вознесе на небо и слезе? Кој го фати ветерот во своите грсти? Кој ги собра водите во својата наметка? Кој ги постави земските краишта? Како се вика и како му се вика синот? Знаеш ли? 5 Секое Божјо слово е испитано, Тој им е штит на оние, кои се надеваат на Него. 6 Не додавај им ништо на Неговите зборови, за да не те изобличи и да не те смета лажлив. 7 За две нешта те молам: не откажувај ми ги, додека не умрам: 8 оддалечи ги од мене: суетата, и лагата; не ми давај ни сиромаштво ни богатство; храни ме со мојот насушен леб; 9 за да не се откажам од тебе, откако ќе се наситам, и да речам: „Кој е Господ?” Или осиромашувајќи - би крадел и би го онечистил името на својот Бог. 10 Не го клевети слугата пред неговиот господар, зашто би можел да те проколне, и да се најдеш виновен. 11 Има род кој го колне татка си и не ја благословува својата мајка! 12 Род кој мисли за себе дека е чист, а не е измиен од своите нечистотии. 13 Род со издигнати очи, кој ги крева високо своите клепки! 14 Род чии заби се мечеви, а челустите ножеви, за да ги изеде несреќните на земјата и бедните меѓу луѓето! 15 Пијавицата има две ќерки: „Дај! Дај!” Суштествуваат три ненаситни работи; и четири што не велат: „Доста!” 16 Смртта, неплодната утроба, земјата што никогаш не се сити со вода, и огнот што никогаш не вели: „Доста!” 17 Окото што му се потсмева на таткото и одречува послушност на мајката, ќе го исколваат поточните гаврани и ќе го изедат млади орли. 18 Три нешта ми се чудни, а четвртото не го разбирам: 19 орловиот пат по небото, змииниот пат по стената, патот на бродот среде морето, и патот на мажот кон девојката. 20 Таков е патот на прељубницата: ќе се најаде, ќе ја избрише устата и вели: „Не згрешив. „ 21 Од три нешта се тресе земјата, а четвртото не може да го трпи: 22 од роб кога ќе стане цар, и кога простиот ќе се насити леб; 23 од разведена жена кога ќе се мажи, и од слугинката, која ќе ја истисне својата господарка. 24 Четири нешта се мали на земјата, но се помудри од мудрите: 25 мравките, нејаки суштества, што лете ја приготвуваат храната за себе; 26 јазовците, суштества без сила; што во стена си изградуваат куќа; 27 скакулците, кои немаат цар, а сите одат по дружини; 28 гуштер, што се фаќа со рака, а проникнува во царските дворци. 29 Три нешта имаат убав чекор, а четвртото убаво оди: 30 лавот, јунак меѓу ѕверовите, што не се повлекува пред никого; 31 петелот, што се шета смело меѓу кокошките; јарецот, што предводува стадо, и царот со својата војска. 32 Ако си лудувал гордејќи се, или си смислил зло, сложи ја раката на устата. 33 Кога се мати млекото, излегува маст, кога се притиснува носот, потечува крв, кога се поттикнува гневот, се зафаќа препирка.
1 Зборови на Лемуил, цар на Маса, со кои го научила неговата мајка. 2 Зошто, сине мој? Зошто сине на мојата утроба? Зошто, сине на моите завети? 3 Не ја давај својата сила на жените, ни своите патишта на погубителките на цареви. 4 Не е за цареви, Лемуиле, не им прилега на царевите да пијат вино, ни на главатарите опоен пијалак, 5 за да не ги заборават законите во пијачката и да им ја изменат правдата на страдалниците. 6 Дајте му жесток пијалак на оној што ќе пропадне, и вино на човек што е огорчен во душата. 7 Тој ќе пие и ќе ја заборави својата беда и не ќе си спомнува веќе за својата неволја. 8 Отворај ја својата уста за немиот, и за правото на сите несреќници што пропаѓаат. 9 Отворај ја својата уста, суди праведно, дај им ја правдата на бедниот и неволникот. 10 Кој ќе најде добродетелна жена? Таа вреди повеќе од бисери. 11 Мажовото срце се надева во неа, и не ќе му недостига печалба. 12 Таа му прави добро, а не зло, во сите дни на својот век. 13 Набавува волна и лен, и вешто работи со своите раце. 14 Таа е како трговски брод: оддалеку го донесува својот леб. 15 Таа станува уште во ноќта, ги храни своите домашни и им одредува работа на своите прислужнички. 16 Ако забележи нива ја купува; со плодот на своите раце сади лозје. 17 Со сила ги опашува своите бедра, и ги зајакнува своите мишки. 18 Гледа како и напредува работата: ноќе не и гасне светилката. 19 Со рацете посегнува по предилката, и со прстите го држи вретеното. 20 Ја отвора својата дланка на бедниот, ги испружува рацете кон оној кој има потреба. 21 Не се бои од снегот за своите домашни, зашто за сите деца има по две облеки. 22 Сама си шие покривачи, се облекува во лен и во црвено сукно. 23 Мажот и е славен на Вратите, каде што седи со земните старешини. 24 Ткае платно и го продава, и дава појаси на трговецот. 25 Облечена е со сила и достоинство и весело гледа на иднината. 26 Мудро ја отвора својата уста, и побожна наука и е на јазикот. 27 Внимава на поведението на своите домашни, и не го јаде лебот на мрзливоста. 28 Нејзините синови се подигаат и ја наречуваат среќна, и нејзиниот маж ја фали: 29 „Многу жени беа добродетелни, но ти ги надминуваш сите.” 30 Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: Жена со страв од Господа, заслужува пофалба. 31 Дајте и од плодот на нејзините раце, и нека нејзините дела ја прославуваат на Вратите.
1 Зборови на Проповедникот, Да-видовиот син, царот во Ерусалим. 2 ”Суета над суетите, вели Проповедникот, суета над суетите, сè е суета!” 3 Каква му е ползата на човекот од сиот негов труд, со кој се труди под сонцето? 4 Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува секогаш. 5 Сонцето изгрева, сонцето заоѓа и тогаш брза кон своето место откаде изгрева. 6 Ветерот дува кон југ, и се свртува кон север, виори сега наваму сега натаму, и се враќа во нов виор. 7 Сите реки течат во морето, и морето не се преполнува; од каде што течат реките, таму се враќаат за да го почнат повторно својот тек. 8 Сè е мачно. Никој не може да рече дека очите се нагледаа до насита и дека ушите се наслушале достатно. 9 Што било, пак ќе биде, и што се правело, пак ќе се прави, и нема ништо ново под сонцето. 10 Има ли нешто за што би можело да се рече: „Ете, ова е ново!” Сè суштествуваше дамно пред нас. 11 Само, од минатото не остана ни спомен, како што ни во иднината не ќе има сеќавање за она што ќе дојде после. 12 Јас, Проповедникот, бев цар над Израел во Ерусалим. 13 И го насочив срцето за да истражам и да доловам со мудроста сè што се збиднува под небото; о, колку тешка задача им зададе Бог на човечките синови, за да се трудат со неа. 14 Видов сè што се прави под сонцето: каква ли суета и тежина на духот! 15 Што е криво не може да се исправи; тоа што го нема, не може да се изброи. 16 Јас зборував со своето срце и реков: „Ете, придобив поголема мудрост од кој и да е од моите предходници во Ерусалим. Моето срце научи голема мудрост и знаење.” 17 Внимателно ја проучив мудроста а така и глупоста и лудоста, но сознав дека тоа е гониветер. 18 Многу мудрост - многу јад; што повеќе знаење, тоа повеќе болки.
1 Тогаш реков во своето срце: „Дај да го испитам уживањето, и да видам што дава насладувањето” - но ете: и тоа е празнина! 2 За смеењето реков: „Лудост е!” за уживањето: „Што ползува тоа?” 3 Си помислив во срцето да го веселам телото со вино, додека срцето сè уште се раководи одмудроста; посакав да ја прегрнам и лудоста, како би дознал дали ги усреќува луѓето она што го прават под небесата за време наизброените денови на својот живот. 4 Направив големи дела: изградив дворци за себе, посадив лозја; 5 си направив градини и овоштарници, посадив во нив секакви овошки. 6 Направив езера за да ги наводнувам посадените дрва. 7 Купив робови и робинки, имав и домашни слуги, а исто и стада со крупен и ситен добиток повеќе од кој и да е друг пред мене во Ерусалим. 8 Натрупав сребро и злато и скапоцености од царевите и покраините; набавив пејачи и пејачки и секакви човечки раскоши, сè сокровиште на сокровиште. 9 И станав толку голем, поголем од кој и да е пред мене во Ерусалим; а не ме остави ни мојата мудрост. 10 И што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд, и таква му беше наградата на секој мој напор. 11 А тогаш ги разгледав сите свои дела, сите напори што ги вложив за да дојдам до нив - и ете, сè е тоа суета и гониветер! И нема полза под сонцето. 12 Потоа ја свртив мојата мисла кон мудроста, кон глупоста и кон лудоста. Што би направил човек кој дошол после царот? Освен тоа што е веќе направено. 13 И сознав дека мудроста е подобра од лудоста, како што е светлината подобра од темнината. 14 На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина. Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб. 15 Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?” И реков во срцето: „И тоа е суета!” 16 Зашто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата! И, мудрецот умира како и безумникот. 17 Го замразив животот, зашто ми се стори тешко сè што се збиднува под сонцето: зашто сè е суета, и тежина на духот. 18 Замразив сè за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на својот наследник. 19 Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која ги вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета. 20 И почнав да очајувам заради големиот напор со кој се трудев под сонцето. 21 Зашто човекот се труди мудро и со знаење и успешно, па сè тоа треба да го остави во наследство на друг, кој воопшто не се трудел околу тоа. И тоа е суета и големо зло. 22 Зашто што добива човекот за својот напор и труд што ги поднесува под сонцето? 23 Зашто сите негови денови се макотрпни, работите му се полни со грижи; па ни ноќе не мирува неговото срце. И тоа е суета. 24 Нема друга среќа за човекот освен да јаде и да пие и да биде задоволен со својата работа. И тоа е, гледам, дар на Божјата рака. 25 Зашто кој може да јаде, кој може да се насладува, повеќе од мене. 26 Тој му дарува мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата, а на грешникот му дава мака да собира и да натрупува за оној кој е по Божја волја. И тоа е суета и тежина на духот.
1 Сè има свое доба, и секоја работа под небото свое време. 2 Време за раѓање и време за умирање; време за садење и време за корнење на посаденото. 3 Време за убивање и време за лечење; време за разурнување и време за градење. 4 Време за плачење и време за смеење; Време за тажење и време за играње. 5 Време за фрлање камења и време за собирање на камења; време за прегрнување и време кога се остава прегрнувањето. 6 Време за барање и време за губење; време за пазење и време за отфрлање. 7 Време за кинење и време за шиење; време за молчење и време за зборување. 8 Време за љубење и време за мразење; време за војна и време за мир. 9 Која е ползата на работникот од неговиот труд? 10 Ја видов таа грижа, што Бог им ја даде на човечките синови, за да се трудат во тоа. 11 Сè што прави Тој е прекрасно во свое време; им ја всадил вечноста во нивните срца, иако човек не може да ги постигне делата што Бог ги прави од почеток до крај. 12 Знам дека нема друга среќа за човекот освен да се весели и да прави добро за време на својот живот. 13 И кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар. 14 И знам дека сè што прави Бог, останува довека. На тоа не може ништо да му се додаде, ниту може да му се одземе; а Бог прави така за да имаат стравопочитување од Него. 15 Што суштествува, веќе било, и што ќе биде, веќе суштествувало; а Бог го обновува она што помина. 16 Уште гледам дека под сонцето: местото на судот, а таму - беззаконие и место правда - таму неправда. 17 Реков во своето срце: „Бог ќе им суди и на праведникот и на злосторникот зашто тука има време за секакво нешто и за секое дело: 18 реков во своето срце: „Луѓето се однесуваат така, што Бог може да покаже какви се навистина, дека се едни за други како ѕверови,” 19 Зашто навистина, кобта на луѓето и ѕверовите е една и иста. Како гинат едните, така гинат и другите; и дишат со еднаков здив, и човекот со ништо не го надминува ѕверот, зашто сè е суета. 20 И едните и другите заминуваат на исто место; сите станаа од прав и се враќаат во правот. 21 Кој знае дали човечкиот дух се искачува горе, а духот на ѕверот слегува долу во земјата? 22 Согледувам дека нема друга среќа за човекот освен радоста во своето дело, зашто тоа му припаѓа, а кој ќе го доведе до тоа да дознае што ќе биде после него?
1 Пак почнав да ги набљудувам сите насилства што се прават под сонцето, и ете, солзи на угнетуваните, и никој нема да ги избрише; и насилствата на угнетувачката рака, а утешител нема за нив. 2 Затоа ги сметам среќни мртвите што веќе умреле; посреќни се од живите што живеат уште. 3 А од едните и другите е посреќен оној кој уште не постои, кој не ги видел лошите дела што се прават под сонцето. 4 Натаму искусив дека секој напор и секој успех му прибавува на човекот завист од неговиот ближен. И тоа е суета и гонење на ветер. 5 Безумникот ги скрстува рацете и се јаде себеси. 6 Подобро е полн грст во мир отколку двата грста со мачен труд и мака во духот. 7 И уште една суета забележав под сонцето: 8 Човек сосем сам - без син, без брат, и пак нема крај на неговиот труд; очите не можат да му се наситат со богатство; а не мисли: за кого се трудам и си го скратувам доброто себеси? И тоа е суета и зло дело. 9 Подобро им е на двајцата отколку на еден, зашто имаат подобра плата за својот труд. 10 Ако падне едниот, другиот ќе го поткрене а тешко му на едниот! Ако падне, нема никој да го крене. 11 Па и ако се спие двајца заедно потопло е; а како ќе се загрее самецот? 12 И ако некој удри на едниот, двајцата ќе му се спротиват; и троструко јаже не се кине скоро. 13 Подобар е сиромашен младец а мудар, отколку стар цар а неразумен, кој веќе не знае за совет. 14 Зашто младецот може да излезе од темница и да стане цар, а тој и како цар да е роден пак ќе е сиромашен. 15 Забележав како сите кои живеат и одат под сонцето се определија за младецот, за настапникот кој ќе го наследи. 16 Тој стапува на чело на безбројните поданици и идните поколенија не можеа да се радуваат заради него. И тоа е суета и тежина на духот.
1 Кога одиш во Божјиот дом, пази на своите чекори. Приближи се за да можеш подобро да слушаш - отколку да принесуваш жртва на лудиот, зашто нема број на сиот народ на сите тие, на кои им началствуваше, иако наследниците не ќе му се радуваат нему. Тие и не знаат дека прават зло. 2 Не избрзувај со својата уста и срцето да не брза со зборови пред Бога, зашто Бог е на небото, а ти си на земјата; затоа штеди ги своите зборови. 3 Сонот доаѓа од многу грижи, а лудиот говор од многу зборови. 4 Кога ќе му заветуваш нешто на Бога, исполни го тоа веднаш, зашто Нему не Му се мили безумниците. Затоа исполни го секој свој завет. 5 Подобро е да не се заветува отколку да се заветува, а да не се исполни заветот. 6 Не дозволувај и на својата уста да ти наведе телото на грев, и не вели подоцна пред ангелот дека било грешка. Зошто да Му се дава прилика на Бога да се разгневи на твојот збор и да го уништи делото на твоите раце? 7 Зашто колку повеќе соништа и зборови; толку повеќе и суети. Затоа бој се од Бога. 8 Ако видиш дека го угнетуваат сиромавиот и дека ги газат правдата и судот во земјата, не чуди се на тоа, зашто над високиот набљудува повисокиот, а над него највисокиот. 9 Ползата од земјата е за сите: и царот зависи од нивите. 10 Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно; кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите. И тоа е суета. 11 Каде се умножува богатството, се умножуваат и тие кои го јадат; па каква полза му е од тоа на господарот, освен да го гледа со очите? 12 Сладок е сонот на трудољубивиот, дали јал малку или многу, додека богатството не го остава богатиот да заспие. 13 И видов тешко зло под сонцето: собрано богатство што му е на пропаст на својот сопственик. 14 Зашто при лоша незгода пропаѓа таквото богатство, па не му останува ништо на синот што му се родил. 15 Гол излезе од утробата на својата мајка и така гол и ќе си отиде каков што дојде; ништо нема да понесе од сиот свој труд. 16 И тоа е тешко зло зашто си заминува така како што и дошол; па каква му е ползата од тоа што се измачувал за ветер. 17 Сите свои денови ги јаде во темнина, во неволја,во грижа, во болест и во гнев. 18 Затоа го заклучувам ова: права среќа за човекот е да јаде и да пие и да биде задоволен со сиот свој труд, со кој се измачува под сонцето за време на краткиот век што му го дал Бог, зашто таква судбина му е дадена во дел. 19 Па ако Бог му дал на човекот богатство и имот за да ги ужива и за да биде задоволен со своето дело - и тоа е дар од Бога. 20 Зашто тогаш барем не мисли многу на деновите на својот живот, кога Бог му дава да му се весели срцето.
1 И видов: има уште едно зло под сонцето, и тешко ги притиска луѓето: 2 некому Бог му доделува богатство и имот и почести, па има сè што му сака душата. Но не му доделува тоа и да го јаде, туку ужива туѓинецот. Тоа е суета и тешко страдање. 3 И велам: подобро е недоносено дете, од оној кој би родил сто деца и би живеел многу години, а самиот не би уживал во благото и не би имал погребение; 4 зашто недоносеното дојде напразно и отиде во темнина, и името му е покриено со темнина; 5 сонцето ниту го виде ниту го созна - а поспокојно е од оној. 6 Па кога би живеел таков живот и две илјади години, а не би уживал во своето благо, зар не заминуваат двата еднакво на исто место? 7 Човекот се труди само за да јаде, а неговата душа никогаш не се наситува. 8 Зашто во што е мудрецот подобар од безумниот, и што да се рече за бедниот кој умее да се однесува пред луѓето? 9 Подобро е да се види со очите отколку да се скита со желби. И тоа е суета и тежина на духот. 10 Што веќе суштествуваше, има име; и се знае што е човек; и тој не може да се суди со појакиот од себе. 11 Зашто има многу нешта кои ја умножуваат суетата, и каква му е ползата на човекот од тоа? 12 Кој знае што е добро за човекот во неговиот живот, за оние малку денови што така суетно ги живее, што му поминуваат како сенка? Кој ќе му каже на човекот што ќе биде после него под сонцето?
1 Подобро е доброто име отколку скапоценото масло, и смртниот ден отколку денот на раѓањето. 2 Подобро е да се влезе во куќа каде е жалост,отколку во куќа каде е гозба, зашто онаму е крајот на секој човек, и кој е жив, нека го вложи ова во срцето. 3 Подобар е јадот отколку смеата,зашто срцето е радосно зад жалосно лице. 4 Срцето на мудрите е во куќата на жалост, а срцето на безумните во куќата на веселба. 5 Подобро е да се слуша укорот на мудриот човек, отколку да се слуша пеењето на безумните. 6 Зашто смеата на глупиот е како крцкањето на трњето под котел, и тоа е суета. 7 Угнетувањето ги прави мудрите - безумни, а поткупите го расипуваат срцето. 8 Подобар е крајот на работата отколку нејзиниот почеток, и подобро е трпението од гордоста. 9 Не брзај со гнев, зашто гневот почива во срцето на глупиот. 10 Не прашувај зошто некогашните времиња биле подобри од овие, зашто тоа не е мудро прашање. 11 Мудроста е како скапоцено наследство и полезна е за оние врз кои свети сонцето. 12 Бидејќи како што се сребрениците заштита, така е и мудроста; но предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја има. 13 Погледај ги Божјите дела; кој може да го исправи она што Тој го искривил? 14 Уживај ја среќата во среќен ден а размислувај во лош ден: Бог го создаде едното како и другото, за да не открие човекот ништо од својата иднина. 15 Сè видов во својот суетен живот; праведниот пропаѓа и покрај својата праведност, а безбожникот живее и натаму и покрај својата безбожност. 16 Не биди преправеден и не замислувај се дека си премудар; зошто да се уништуваш? 17 Не биди прелош, и не биди безумен; зошто да умреш пред времето? 18 Добро е да се придржуваш за едното, но ни другото не го испуштај од раката, зашто кој се бои од Бога, се избавува од сè. 19 Мудроста на мудрецот му дава поголема сила на градот, отколку десет градоначалници. 20 На земјата нема праведник, кој правејќи добро никогаш не согрешил. 21 И уште едно: не обрнувај внимание на озборувањето; можеби ќе чуеш дека твојот слуга те колнел; 22 а твоето срце знае како и ти често ги колнеше другите. 23 Сè тоа го испитав со мудроста. Мислев дека сум мудар но мудроста ми беше несфатлива. 24 Она што е, далеку е и длабоко, толку длабоко - кој може да го најде. 25 И уште еднаш се обидов да ги истражам и да ги разберам мудроста и разумот, да ја сознаам нечесноста како и глупоста, а лудоста како безумие. 26 Открив дека има нешто погорчливо од смртта - жената, чие срце е примка и мрежа, а рацете окови; кој Му е мил на Бога, ја избегнува, а грешникот ќе биде уловен од неа. 27 Ете, тоа сè го открив во сè, вели Проповедникот. 28 И уште барав. Но без успех. Најдов маж - еден меѓу илјада, а не најдов ниедна жена меѓу сите. 29 Го открив, ова: Бог го создаде човекот едноставен, а тој смислува безбројни сплетки.
1 Кој е како мудрецот? Кој уште знае да ги толкува работите? Мудроста му го разведрува лицето на човекот и го менува неговиот суров лик. 2 Затоа велам: слушај ја царската повелба заради Божјата заклетва. 3 Не брзај да си заминеш од присуството негово, и не биди тврдоглав кога причината не е добра, зашто тој прави како што му одговара. 4 Зашто во царскиот збор е силата, и кој смее да го праша: „Што правиш?” 5 Кој ги пази заповедите, не познава лоши работи, и срцето на мудрецот знае за времето и за судот. 6 Зашто постои време и суд за сите, а злото тешко го измачува човекот. 7 Зашто тој не знае што ќе биде; а кој може да му каже кога што ќе биде? 8 Никој не може да го совлада духот, за да го задржи духот, ниту има власт над смртниот ден, во тоа војување нема одлагање; ниту нечесноста го избавува оној што ја прави. 9 Го видов сè ова и внимавав со моето срце на секое дело што се прави под сонцето, кога човек владее над човек за негова несреќа. 10 Натаму видов како ги носат безбожниците на гробишта, и луѓето доаѓаа и се враќаа од светото место, и беа заборавени во градот каде што правеа така. И тоа е суета. 11 Кога нема брза пресуда за зло дело, човечкото срце е наклонето да прави зло. 12 И грешникот што прави зло, и стопати живее долго, јас сепак знам дека ќе бидат среќни оние кои се бојат од Бога, зашто се бојат од Него. 13 Не, нечесниот човек нема да биде среќен и нема да ги продолжува своите денови ни како сенка, зашто не се бои од Бога. 14 Но на земјата е суета, па праведниците ги стигнува според делата на нечесните, а нечестивите - според делата на праведниците. Велам и тоа е суета. 15 Затоа ја славам веселбата, зашто нема среќа за човекот под сонцето, туку во јадењето, во пиењето и во насладувањата. И тоа нека го придружува во неговиот труд за време на животот што Бог му го даде под сонцето. 16 Кога го насочив срцето за да ја познаам мудроста, се обидов да сфатам што се работи на земјата. Навистина, човекот не наоѓа спокојство ни дење ни ноќе. 17 Го набљудувам целокупното Божјо дело: и навистина никој не може да го долови онаа што се збиднува под сонцето. Зашто колку и да се труди човек да го открие, никогаш не може да го открие. Па ни мудрецот не може да го открие тоа, иако мисли дека знае.
1 Размислував во своето срце за сè тоа и сфатив дека и праведниците и мудреците со своите дела, се во Божјата рака; и човекот не разбира што го чека: љубовта или омразата, и двете се пред него. 2 Кобта е иста за сите: за праведниот како и за нечесниот, за чистиот и за нечистиот; за оној кој жртвува како и за оној што не жртвува; еднаква за добриот и за грешниот; за оној што се заколнува како и за оној што се бои од заклетва. 3 Најлошто од сè што се збиднува под сонцето е следното: кобта е иста за сите, човечкото срце е полно со зло, лудоста е во срцата на луѓето додека живеат, а потоа им се придружуваат на мртвите. 4 Зашто оној кој е меѓу живите, има надеж: и живиот пес повеќе вреди отколку мртов лав. 5 Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив. 6 Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза и зависта, и веќе немаат учество во нешто што станува под сонцето. 7 Затоа јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце, зашто на Бога веќе порано Му се допадна твоето дело. 8 Носи бела облека во секое време и нека не снема масло на твојата глава. 9 Уживај го животот со жената која ја љубиш во сите денови на својот суетен век што Бог ти го дава под сонцето, зашто тоа е твое учество во животот и во трудот со кој се трудиш под сонцето. 10 Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш, зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето во кое одиш. 11 Освен тоа видов под сонцето: не ја добиваат трката брзите; ни бојот храбрите; нема леб за мудреците, ни богатство за разумните, ни милост за учените, зашто времето и кобта ги достигнува сите. 12 Човекот не го знае својот час: како рибите уловени во подмолна мрежа, и како птиците фатени во примка, така се фаќаат човечките синови во времето на неволја, што ги опфаќа ненадејно. 13 Уште ја видов под сонцето и оваа „мудрост”, што ми се виде голема: 14 Беше еден мал град и малку луѓе во него, а на него удри голем цар, го опкружи и подигна околу него големи опсадни стражарници. 15 Но во него се најде мудар сиромав, кој го спаси градот со својата мудрост, а после никој не си спомнуваше за тој човек. 16 Сепак јас велам: подобра е мудроста отколку јачината, но не се цени мудроста на сиромавиот и не се слушаат неговите зборови. 17 Тивките благи зборови на мудрецот се слушаат подобро отколку викотницата на заповедникот над глупците. 18 Мудроста вреди повеќе отколку военото оружје, но еден единствен грешник расипува многу добри нешта.
1 Пцовисаната мува го засмрдува мирисливото масло, а и малку лудост му ја расипува мудроста и честа на чесниот. 2 Срцето на мудрецот е на десната страна, а на глупецот на левата. 3 Достатно е лудиот да тргне на пат: бидејќи нема разум, секому му покажува дека е луд. 4 Ако гневот на владетелот се подигне против тебе, не напуштај го своето место, зашто благоста ги спречува големите престапи. 5 Има зло што го видов под сонцето како престап што доаѓа од владетелот: 6 безумните се издигнуваат на највисоки места, а богатите заземаат ниски положаи. 7 Видов слуги на коњи, а кнезови кои одеа пеш како слуги. 8 Кој копа јама, паѓа во неа; кој разурнува ѕид, змија го каснува. 9 Кој крши камења, тоа го повредува; кој цепи дрва, може да настрада. 10 Кога ќе се затапи железото и неговата острица не е наострена, тогаш треба повеќе сила; а успехот е награда на мудроста. 11 Ако змијата касне пред вражањето, тогаш вражачот ништо не користи. 12 Полни се со благодат зборовите од устата на мудрецот, а безумникот го упропастуваат неговите усни. 13 Тој ги почнува своите беседи со лудост и ги завршува со целосно безумство. 14 Лудакот зборува премногу: човекот не ја знае иднината, и кој може да му каже што ќе биде после него? 15 Лудите ги мори нивниот труд; зашто тие не знаат да отидат ни во градот. 16 Тешко тебе земјо, кога ти е царот премлад и кога твоите кнезови се гостат веќе наутро. 17 Блазе ти, земјо, кога ти е царот син на благородник и кога твоите кнезови јадат на време, за да се поткрепат, а не да се испијанат. 18 Од мрзливост се свиткуваат гредите, заради негрижа прокапува куќата. 19 Но гозбите се заради забава, и виното го развеселува животот, а сребрениците набавуваат сè. 20 Не колни го царот ни во својата мисла, не колни го богатиот ни во својата соба, зашто птиците ќе го однесат гласот и сè што е крилесто, ќе ја каже клеветата.
1 Фрли го својот леб во водата, и ќе го најдеш после многу време. 2 Раздели им на седуммина или осуммина, зашто не знаеш какво зло ќе ја снајде земјата. 3 Кога облаците ќе се наполнат со дожд, ја истуруваат на земја; ако падне дрво кон југ или кон север, сеедно: каде ќе падне таму и станува. 4 Кој внимава на ветерот, не сее и кој гледа на облаците, не жнее. 5 Како што не знаеш кој е патот на ветерот и како растат коските во утробата на трудна жена, така не ги знаеш ни делата на Бога, Кој создаде сè. 6 Наутро сеј го своето семе а навечер твојата рака нека не почива, зашто не знаеш дали ќе биде подобро ова или она, или двете ќе бидат еднакво добри. 7 Мила е светлината и пријатно е да се види со очите сонцето. 8 Но ако човекот живее и многу години, нека се весели секогаш, и нека си спомни дека ќе има многу темни денови. Суета е сè што ќе дојде. 9 Затоа радувај се младецу, за време на својата младост, и весели се во деновите на својата младост; оди по патиштата на своето срце и следи ги желбите на своите очи; но знај дека Бог ќе ти суди за сè тоа. 10 Затоа, отстрани ја лутината од своето срце и отстрани го лукавството од своето тело. Но детството и младоста се суета.
1 И спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост, пред да дојдат лоши денови и пред да пристигнат годините, кога ќе речеш: „Не ми се милеат.” 2 Пред да се помрачат сонцето и светлината, месечината и ѕвездите, и да се вратат облаците по дождот. 3 Во денот кога затреперуваат чуварите на куќите и се наведнуваат јунаците, и се здодеваат мелничарките, зашто се премалку, и се помрачуваат оние кои гледаат низ прозорците; 4 кога се затвораат уличните врати, ослабува шумот на мелницата, кога стивнува пеењето на птиците и замруваат звуците на песната. 5 Кога патот надолу е мака, и секое излегување закана; а бадемот е во цутење, и скакулецот не скока веќе, и бадемовиот плод пука, зашто човекот си оди во својот вечен дом! А тажачките веќе се движат по улиците. 6 Пред да се скине сребрената врвца и се скрши златната светилка и се распарчи врчвата на изворот и се разбие тркалото над бунарот; 7 и се врати правот во земјата како што дојде од неа; а духот се врати при Бога, Кој го даде. 8 „Суета над суетите,” вели Проповедникот, „сè е суета.” 9 А освен тоа, зашто самиот Проповедник беше мудар, тој и народот го учеше на мудрост, па измери, проучи и состави многу мудри изреки. 10 Воедно Проповедникот се трудеше да најде прикладни зборови и да ја изрази направо вистината. 11 Беседите на мудрите луѓе се како остени и како закачени колци: пастирот се служи со нив за доброто на своето стадо. 12 И на крај, сине мој, знај дека е потребно неизмерливо многу труд за да се напише книга, и дека многу учење го уморува телото. 13 Да го чуеме завршниот збор за сè: „Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сè за човекот.” 14 Зашто сите скриени дела, било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд.
1 Соломоновата Песна над песните 2 Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино. 3 Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло, затоа те љубат девиците. 4 Повлечи ме по себе, да бегаме! Царот ме воведе во своите соби. Ќе се веселиме и ќе се радуваме заради тебе, ќе ја славиме твојата љубов повеќе од виното; достојно е да те љубат! 5 Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава, како кедровите шатори, како Соломоновите завеси. 6 Не гледајте дека сум поцрнета, зашто сонцето ме опали. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата; а моето лозје, не го чував. 7 Кажи ми ти, кого го љуби мојата душа: каде пасеш? Каде одмараш на пладне? за да не скитам, барајќи те, околу стадата на твоите другари! 8 Ако не го знаеш тоа, о, најпрекрасна меѓу жените, излези и следи ги трагите на стадата, и паси ги твоите јариња околу пастирските шатори. 9 Те споредувам со коњите во фараоновите коли, моја возљубена. 10 Прекрасни се твоите образи меѓу ушниците; твојот врат со ѓерданите; 11 ќе направиме златни обетки, за тебе, со сребрени приврзоци. 12 Додека царот се одморува на своите постели, мојот нард мириса. 13 Мојот возљубен е како страк смирна, што почива меѓу моите гради. 14 Мојот возљубен е како кипров грозд од енгадските лозја. 15 О, ти си прекрасна, моја возљубена; колку си убава! имаш очи како гулабица. 16 О, ти си прекрасен, мој возљубен, и љубезен! Зеленилото е наша постела. 17 Кедрите се греди на нашите куќи, а кипарисите покрив.
1 Јас сум саронски цвет, лилјан во долина! 2 Што е лилјанот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу девиците. 3 Што е јаболкницата сред горските дрва, тоа е мојот возљубен меѓу младите. Сакам да седам во нејзината сенка; а нејзините плодови му се слатки на моето грло. 4 Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта. 5 Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов. 6 Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува. 7 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака. 8 Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови. 9 Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките. 10 Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! 11 зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати. 12 Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај. 13 Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! 14 Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!” 15 Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето. 16 Мојот возљубен ми припаѓа мене, а јас нему; тој пасе меѓу лилјаните. 17 Пред денот да издивне и пред да се спуштат сенките, врати се, возљубен мој: биди лесен како срна, како срниче на гората Бетер.
1 Во своето легло, во ноќите, го барав оној, кого го љуби мојата душа; го барав, но не го најдов. 2 И така, ќе станам и ќе го оптрчам градот, по улиците и раскрсниците, ќе го барам оној, кого го љуби мојата душа: го барав, но не го најдов. 3 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот: „Дали го видовте оној, кого го љуби мојата душа?” 4 Туку што тргнав од нив, го најдов оној, кого го љуби мојата душа. Го фатив и нема да го пуштам, додека не го воведам во домот на мојата мајка, во спалната на мојата родителка. 5 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата возљубена, додека самата не посака! 6 Што се дига тоа од пустината како столб од дим, од кадењето на смирната и темјанот и на сите милномирисни правови? 7 Ете, тоа е Соломоновата носилка, околу неа, шеесет стројни момчиња, од најсилните во Израел! 8 Сите се вешти со мечевите, обучени се за војна; секому мечот му е на бедрото, заради ноќните опасности. 9 Царот Соломон си направи престол за себе од ливанско дрво. 10 Ги направи неговите столпчиња од сребро, потпирачите за лакти од злато; седиштето од црвено сукно; сè е украсено внатре, со љубовта на ерусалимските ќерки. 11 Излезете, сионски ќерки, и видете го царот Соломон со венецот, со кој го овенча неговата мајка, во денот на неговата свадба, во денот на радоста на неговото срце.
1 Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад. 2 Забите ти се како стадо на остригани овци, кога се враќаат од капење: одат две по две како близначки и ниедна не е осамена. 3 Твоите усни се како лента од црвено предено и твоите зборови се љубезни; твоите образи се како калинкини половинки, под твојот превез. 4 Вратот ти е како Давидова кула изградена за одбрана: илјада штитови висат во неа, сè јуначки оклопи. 5 Твоите две гради, како две срничиња, близначиња, што пасат меѓу лилјаните. 6 Пред денот да издивне и пред да се опуштат сенките, ќе тргнам на смирнината гора и на темјановото бреже. 7 Целата си прекрасна, возљубена моја, и нема недостаток на тебе! 8 Дојди со мене од Ливан, невесто! Дојди со мене од Ливан! Слези од врвот на Аман, од лавските пештери, од горите на рисовите! 9 Срцето ми го плени, сестро моја, невесто; срцето ми го плени само со еден твој поглед, само со еден бисер од твојот ѓердан. 10 Колку е слатка твојата љубов, сестро моја, невесто! Твојата љубов е послатка од виното, а мирисот на твоите масла е попријатен од сите мириси. 11 Саќин мед капе од твоите усни, невесто, мед и млеко се под твојот јазик, а мирисот на твоите облеки е како ливански мирис. 12 Ти си затворена градина - сестро моја, невесто, затворена градина и запечатен кладенец. 13 Твоите подници се калинкина градина, полна со најодбрани плодови: калинка и шафран, 14 мирислива трска и цимет, со сите темјанови стракови, со смирна и алој, со најдобри мириси. 15 Кладенецот е во мојата градина, извор на жива вода што тече од Ливан. 16 Стани: северец! дувни: јужен ветре! Повеј над мојата градина, нека се разнесат нејзините мириси. Мојот возљубен нека дојде во својата градина, за да ги вкуси нејзините најслатки плодови.
1 Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои! 2 Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.” 3 „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?” 4 Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него. 5 Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката. 6 Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва. 7 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите. 8 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов. 9 „Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нè заколнуваш така?” 10 Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други. 11 Неговата глава е како злато - чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран. 12 Неговите очи се како гулаби над поточната вода. Забите му се како измиени со млеко, наредени во рамка. 13 Неговите образи се како леи со мирисливи билки; како благомирисно цвеќе, усните му се лилјани, од кои тече смирна. 14 Рацете му се златно прстење, полно со скапоцености; неговите гради - како извајани од слонова коска, покриена со сафири. 15 Нозете му се столбови од мрамор на златни подножја; растот му е како Ливан, величествен како кедар. 16 Говорот му е сладок и сиот е од љубезност. Таков е мојот возљубен, таков е мојот пријател, ерусалимски ќерки!
1 „Каде отишол твојот возљубен, о, нјубава меѓу жените? Каде го снема твојот возљубен, за да го бараме со тебе?” 2 Мојот возљубен слезе во својата градина, при леите со мирисливи билки, да пасе по градините и да собира лилјани. 3 Јас му припаѓам на мојот возљубен, мојот возљубен ми припаѓа мене; тој пасе меѓу лилјаните. 4 Убава си, моја возљубена, како Терса, красна си како Ерусалим, страшна како војска под знамињата. 5 Одврати ги твоите очи од мене, зашто ме збунуваат. 6 Твојата коса е како стадо кози, што слегуваат од Галад. Забите ти се како стадо истригани овци кога доаѓаат од капење: идат две и две како близначки, и ниедна не е осамена. 7 Твоите образи се како калинкини половинки под твојот превез. 8 Има шеесет царици и осумдесет наложници и безброј девици. 9 Но само една е мојата гулабица, мојата совршена единствена на мајката, избраница на својата родителка. Девиците ја видоа и и заблажеваа, а цариците и наложниците ја пофалија. 10 Која е оваа која доаѓа како мугрите што осамнуваат, прекрасна е како месечината, сјајна како сонцето, страшна како војска под знамињата? 11 Слегов низ ореови насади, за да ги видам младите растенија во долината, за да видам дали распупиле лозјата, дали цветаат калинките? 12 13 „Врати се, врати се, Суламко, врати се за да те гледаме.” Што ќе видите на Суламка, која игра во две дружини?
1 Колку се убави твоите нозе во обувките, кнежевска ќерко! Заобленоста на твоите бедра се како огрлици, дело на рацете на искусен уметник. 2 Папокот ти е тркалезна чаша, што никогаш не е без пијалак; мевот ти е како стог пченица, заграден со лилјани. 3 Твоите две гради се како две срничиња- близначиња на срната. 4 Твојот врат е како столб од слонова коска. Твоите очи се како езерчињата во Есевон, кај Ватравимската Врата. Носот ти е како ливанска стражарница, што гледа кон Дамаск. 5 Твојата глава е како гората Кармил, а косата на главата како црвено сукно, и царот се сплетка во нејзините плетенки. 6 Колку си прекрасна, колку си привлечна, о, највозљубена, меѓу милините! 7 Растот твој е како палма, твоите гради се гроздови. 8 Си реков: ќе се искачам на палмата, да ги дофатам нејзините врвови; а твоите гради ќе бидат како гроздови на лоза; мирисот на твојот здив како јаболка. 9 Твојата уста е како најдобро вино, што тече направо кон мојот возљубен, како што тече низ усните на заспаните. 10 Јас му припаѓам на мојот возљубен, и тој има желба по мене. 11 Дојди, возљубен мој, ќе одиме во полето, ќе ноќеваме во селата. 12 Наутро ќе одиме во лозјата, за да видиме дали распупува лозата, дали се зафаќа грозјето, дали расцветаа калинките? Таму ќе му ја дадам мојата љубов. 13 Калинките шират мирис, во нашите куќи има секакви овошки: нови и стари, за тебе ги чував, о највозљубен мој!
1 О, да си ми брат, да ги цицаше градите на мојата мајка! Тогаш, сретнувајќи те на улица, ќе те пољубев и никој немаше да ме осуди за тоа. 2 Би те повела и би те вовела во домот на мајка ми; ти би ме учел, а јас би те поела со најдобро вино и со сок од калинки. 3 Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува. 4 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, не будете ја и не тревожете ја мојата возљубена, додека самата не посака! 5 Која е таа што доаѓа од пустината, потпрена врз својот возљубен? Те разбудив под јаболкницата, каде те роди мајка ти, каде твојата родителка те донесе на свет. 6 Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења. 7 Големи води не можат да ја угаснат љубовта, ниту реките да ја потопат. Да го дава некој за љубовта сето богатство на својот дом, тој би навлекол презир врз себе. 8 Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа? 9 Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски. 10 Јас сум ѕид и моите гради се стражарници, затоа јас ќе бидам во неговите очи, како онаа што достигнала до полнота. 11 Соломон има лозје во Вал Амон; им го даде на чуварите и секој треба да донесе за неговите плодови илјада сребреници. 12 Моето лозје е пред мене: а Соломоне, за тебе илјада, а двеста на оние што ги чуваат плодовите. 13 О ти, која живееш во градините, другарите го слушаат твојот глас, дај и јас да го чујам. 14 Побрзај, возљубен мој; биди како срна и како еленче во мирисливите гори!
1 Видение на Исаија, синот Амосов, што го имаше за Јудеја и за Ерусалим, во деновите на Озиј, Јоатан, Ахав и Езекија, јудејски цареви. 2 Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене. 3 Волот го познава својот сопственик, а оселот јаслите на господарот - Израел не познава, Мојот народ не разбира.” 4 Ох, грешен ли народ, луѓе загазени во зло, злосторнички род, расипани синови! Го оставија Господа, Го презреа Израелевиот Светец, Нему Му ги свртија плеќите. 5 Па каде да ве удрам уште, кога и понатаму се бунтувате? Целата глава е болна, срцето изнемоштено; 6 од петицата до главата никаде здраво место, туку повреди, синила, отворени рани, ни очистени, ни завиткани, ниту заблажени со масло. 7 Земјата ви опусте, градовите оган ги спали, туѓинците ги ограбуваат вашите ниви, пред ваши очи - пустина, како разорена од туѓинци. 8 Сионската Ќерка остана како колиба во лозје, како полјачица во градина со краставици, како опсаден град. 9 Ако не ни беше оставил Господ над Воинствата Остаток, ќе бевме како Содом, слични на Гомор. 10 Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе! 11 „Зошто ми е мноштвото ваши жртви? - говори Господ. - Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња. 12 Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите преддворја? 13 Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори - не поднесувам празнувања и беззаконија. 14 Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа - тешки Ми се, не можам да ги поднесам! 15 Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв, 16 измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло! 17 Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.” 18 „И сега дојдете, да бидеме прави, говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна. 19 Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови. 20 Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.” Така зборуваше Господовата уста. 21 Како стана ти блудница, верна тврдино? Беше полна со правда, правдата престолуваше во неа, а сега - убијците. 22 Твоето сребро се претвори во троска, виното ти се разводни. 23 Твоите кнезови се одметнаа, се спријателија со крадци. Сите копнеат за поткуп, летаат по дарови. Му ја скратуваат правдата на сирачето, парницата на вдовицата не стига до нив. 24 Затоа вака зборува Господ, Господ над Воинствата, Израелевиот Јунак: „Ах, кога ќе се задоволам над противниците и кога ќе им се одмаздам на непријателите! 25 Кога ќе ја испружам раката на тебе, за да ја очистам твојата троска со киселина, за да ја отстранам од тебе секоја смеса! 26 Да ти поставам пак судии како некогаш, советници како во почетокот, па да те викаат Праведен Град, Тврдина на верноста.” 27 Праведен суд ќе го откупи Сион, а правдата неговите обратеници. 28 Отпадниците и грешниците ќе се скршат заедно, а ќе загинат оние, кои Го напуштаат Господа. 29 Да, ќе се срамите заради дабовите по кои копнеете сега, и ќе црвенеете заради градините во кои сега уживате. 30 Зашто, ќе бидете како даб со исушени лисја, и како градина во која нема вода. 31 Силниот ќе биде како коноп, а искрата негово дело, заедно ќе изгорат, а никој да ги згасне.
1 Видение на Амосовиот син Исаија, за Јудеја и за Ерусалим: 2 Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Кон неа ќе одат сите народи, 3 ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: „Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, да отидеме во Домот на Јакововиот Бог. Тој ќе нè научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки.” Зашто Законот ќе дојде од Сион, Господовото слово од Ерусалим. 4 Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување. 5 Јаковов доме, дојдете, да одиме во Господовата светлина! 6 Да, Ти го отфрли Својот народ, Јакововиот дом, зашто е полн со вражалци од исток и гатачи како Филистејците, се побратимуваат со туѓинци. 7 Земјата му е полна со сребро и злато, и нема крај на неговото богатство; земјата им е полна со коњи, нема број на неговите коли. 8 Земјата му е преполна со идоли, и тие се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти. 9 Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се снизи; не проштавај им. 10 Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. 11 Гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Господ ќе се возвиши, Единствено Тој - во оној ден. 12 Да, тоа ќе биде ден на Господа над Војските, против сите горделиви и издигнати, против сите што се возвишуваат, за да ги собори; 13 против сите либански кедри и против сите васански дабови; 14 против сите вишнати гори и против сите издигнати брегови; 15 против секоја висока тврдина, и против сите цврсти ѕидови; 16 против сите тарсиски бродови, и против сите раскошни бродови. 17 Човечката гордост ќе падне и човечката висина ќе се понижи. Господ ќе се возвиши, единствено Тој - во оној ден, 18 и идолите на нечистите божества ќе ги снема без трага. 19 Ќе влезат во дупките меѓу пештерите и во земните дупки, пред Господовиот ужас, пред сјајот на Неговото Величество, кога ќе стане да ја растресе земјата. 20 Во оној ден: човекот ќе им ги фрли на кртиците и лилјаците, своите сребрени идоли и своите златни идоли на нечистите божества што си ги направил за себеси, за да им се поклонува; 21 кога ќе избега во пештерските шупливости и во распуканиците на карпите пред Господовиот страв, пред болскотот на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. 22 Прекратете да се надевате на човекот чиј здив е во неговите носалки: бидејќи што значи тој?
1 Ете, Господ, Господ над Воинствата, им ги одзема на Ерусалим и Јудеја секоја поткрепа, помош во леб и помош во вода, 2 јунакот и војникот, судијата и пророкот, вражалецот и старешината, педесетникот и чесниот, 3 советникот и мудриот уметник и оној што се занимава со баење. 4 „А за главатари им поставувам деца, им давам на дечињата да владеат над нив.” 5 Луѓето ќе бидат угнетувани, човек од човек и секој од својот ближен; детето ќе се големее над старецот, простиот над чесниот, 6 па секој ќе го фаќа брата си во татковата куќа: „Ти имаш облека, биди ни главатар, и тие урнатини нека бидат под твоја рака!” 7 А тој ќе се брани, во оној ден: „Не сакам да бидам водач, нема кај мене ни леб ни облекло: не ме поставајте за кнез на народот.” 8 Ерусалим се разурна и Јудеја падна зашто нивниот јазик и нивните дела Му се противат на Господа, па му се бунтуваа на погледот на Неговата Слава. 9 Нивното лице сведочи против нив, го разгласуваат својот грев како Содом и не го кријат, тешко им ним, сами си спремаат пропаст. 10 Кажете: „Блазе му на праведникот, ќе се храни со плодот на своите дела! 11 Тешко му на нечесниот, ќе му биде зло, на него ќе паднат делата на неговите раце. 12 Дете го угнетува Мојот народ, и жените владеат со него. О народе мој, твоите владетели те заведуваат и го раскопуваат патот по кој одиш.” 13 Господ стана да се суди со Својот народ, 14 Господ доаѓа на суд со старешините и главатарите на Својот народ: „Го опустивте Моето лозје, во вашите куќи е што му одзедовте на сиромавиот. 15 Со кое право го угнетувате Мојот народ и го газите лицето на бедниот?” - Зборува Господ, Господ над Војските. 16 И Господ рече: „Зошто се гордеат сионските ќерки па одат со испружени вратови, намигнуваат наоколу со окото, чекорат со ситни чекори, ѕвецкаат со гривните на нозете? 17 Ќе го оќелави Господ темето на сионските ќерки, ќе ја открие Господ нивната голота.” 18 Во оној ден Господ ќе одземе сè со што се гордее таа: веришките на нозете, мрежите за коса и месечинките, 19 наушниците, нараквиците и превезите, главоврските, појасите, малите садови со мириси и приврските, 20 прстените и обетките за носот, 21 скапоцените облеки и плаштениците, приврските и торбичките, 22 огледалата и кошулчињата, преврските за глава и наметките. 23 Место благомириси, смрдеж; место појаси, јаже; место кадрави коси, ќелавост; место раскошна облека, вреќиште; место убавина, гнилеж. 24 Твоите мажи ќе паднат од меч, твоите јунаци во војна. 25 Твојата врата ќе кука и ќе тажи, ќе седиш напуштена на земјата. 26
1 И седум жени ќе се фатат за еден маж - во оној ден: „Ќе јадеме свој леб, ќе речат, и ќе се облекуваме во своја облека, дај ни само да го носиме твоето име, симни го од нас сиот наш срам.” 2 Во оној ден Господовиот Подник ќе биде убав и славен, а земниот плод за убавина и слава на спасените во Израел. 3 Кои ќе останат на Сион - и кои ќе преживеат во Ерусалим, ќе се наречат „свети” и ќе бидат запишани да живеат во Ерусалим. 4 Кога Господ го измие срамот на сионските ќерки и ја избрише од Ерусалим крвта пролеана од здивот на судот и од здивот што изгорува. 5 Ќе создаде Господ над сета Сионска Гора и над сите оние кои ќе бидат онаму на собор, облак со дим, дење, а ноќе блесок на пламен оган. Зашто, врз сето тоа Славата ќе биде засолниште. 6 И ќе има шатор за да засенува дење од припек, штит и засолниште од пороен дожд и од бура.
1 Ќе му ја запеам на својот возљубен, песната на мојот љубен, на неговото лозје: Мојот љубен имаше лозје на плодно ритче. 2 Го ископа, ги исчисти камењата, го засади со благородна лоза. Среде него тој изгради стражарница, и стави пивница во него. Се надеваше дека ќе роди добро грозје, но тоа роди диво грозје. 3 „Сега ерусалимски жители и луѓе Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје. 4 Што можев уште да направам за Своето лозје па што веќе не го направив? Се надевав дека ќе роди добро грозје, а ете, роди кисело грозје? 5 Но, сега ќе ви кажам што ќе направам од Своето лозје: ќе му го отстранам плетот, за да го опустат, ќе го разурнам ѕиданото, за да го изгазат. 6 Ќе го претворам во пустина, ни режано ни ископано, нека зарасте сето во трниште и трње; ќе им забранам на облаците да не леат дожд на него.” 7 Лозјето на Господа над Воинствата е Израелевиот дом; Неговиот избран расад: луѓето Јудејци. Тој чекал правдосудство, а ете крвопролевање; чекал правда, а ете пискот. 8 Тешко ви вам што приближувате куќа до куќа и што составувате нива со нива, додека не го заземете сето место па да станете единствени во земјата. 9 Господ над Војските ми рече во моите уши: „Навистина, многу куќи ќе опустат, големи и убави ќе бидат без жители. 10 Десет рала лозје ќе дадат само бочвенце, а мерка семе ќе даде само меричка.” 11 Тешко им на тие кои стануваат рано наутро, одат по жесток пијалак и седат доцна во ноќта распалени со виното. 12 На гозбите им се: харфи и псалтири, тапанчиња и кавалчиња покрај виното, а не се грижат за Господовото дело, не го гледаат делото на Неговите раце. 13 Затоа Мојот народ ќе биде одведен во ропство, зашто нема разумност, неговите првенци ќе умираат од глад, неговите луѓе ќе горат од жед. 14 Да, Подземјето ќе го отвори своето грло, ќе ја рашири устата неизмерно за да паднат главечки во него неговите првенци и мноштвото, со сета врева и веселба! 15 Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се понижи, погледот на силните ќе се сврти надолу. 16 Господ над Воинствата ќе се возвиши во суд, и Светиот Бог ќе ја открие Својата светост во правда. 17 Јагнињата ќе пасат како на пасиштата, а туѓинците ќе јадат по богаташките урнатини. 18 Тешко им на оние кои ја влечат вината врз себе со воловски јажиња и гревот со колски јажиња - 19 на оние што говорат: „Нека поита, нека побрза со Своето дело, за да го видиме, нека се приближи и нека го заврши наумот на Израелевиот Светец, за да знаеме!” 20 Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина, што горчливото го прават благо, а благото горчливо! 21 Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе! 22 Тешко им на оние кои се силни во виното и јунаци во мешањето на силните пијалаци; 23 и на оние кои го бранат виновниот за поткуп, а праведникот го лишуваат од правдата! 24 Затоа, како што огнот ја проголтуваат сламата, и како што сувата трева исчезнува во пламенот, така ќе изгние нивниот корен, нивната папка ќе се разлета како прав, зашто го отфрлија Законот на Господа над Воинствата и го презреа Словото на Израелевиот Светец. 25 Затоа се распали Господовиот гнев против Неговиот народ, и Тој крена рака на него и го удри, па се стресоа горите: нивните стебла лежат по улиците како отпадоци, но Неговиот гнев уште не се смири, и раката Му е уште крената. 26 Тој го крена военото знаме на далечен народ, му свирна на крајот на земјата и ете: бргу, подготвено ита. 27 Кај него нема преморен ни капнат, ни дремлив ниту сонлив, не го отпашува појасот околу половината, не ги одврзува ремењата на обувките. 28 Стрелите му се добро заострени, сите лакови му се оптегнати, копитата на неговите коњи се кремен, колцата на неговите бојни коли се виор. 29 Рикањето му е како на лав и рика како млади лавови, ‘ржи, го грабнува пленот и го однесува, а нема никој да му го истрга. 30 Во оној ден ќе ‘ржи на него, како што бучи морето. Погледнеш ли ја земјата - сè темнина, и неволја, облачна темнина ја проголта светлината.
1 Во онаа година кога умре царот Озиј, Го видов Господа како седи на висок и возвишен престол. Скутовите на Неговата плаштеница го исполнуваа Храмот. 2 Над Него стоеја серафимите; секој имаше по шест крила: две крила за да го засолне лицето, две крила за нозете, а со две крила леташе. 3 И си велеа еден на друг: „Свет! Свет! Свет е Господ над Воинствата! Сета земја е полна со Неговата слава!” 4 Од грмливите гласови на оние кои воскликнуваа се стресоа довратниците на праговите, а Домот се исполни со дим. 5 Реков: „Тешко мене, пропаднав, зашто сум човек со нечисти усни, живеам во народ со нечисти усни, а моите очи Го видоа Царот, Господ над Војските!” 6 Еден од серафимите долета кон мене: во рацете имаше жар што го зеде со клешти од жртвеникот; 7 се допре со неа до мојата уста и рече: „Еве, ги допре твоите усни, вината ти е симната и гревот очистен.” 8 Тогаш го чув Господовиот глас: „Кого да испратам? И кој ќе ја однесе нашата порака?” Јас реков: „Еве ме, испрати ме мене!” 9 Тој одговори: „Отиди и речи му на тој народ: ‘Со уши ќе слушате, но нема да разбирате, и со очите ќе гледате, но нема да видите.’ 10 „Закорави му го срцето на овој народ, заглуши му ги ушите, заслепи му ги очите, да не гледа со очите, да не слуша со ушите и да не разбира со срцето, и да не се обрати и да не се излекува.” 11 Јас реков: „До кога, о Господи?” Тој ми одговори: „Додека не запустат градовите и не останат без жители, додека куќите не бидат без никој жив, и додека земјата не стане пустина, 12 додека Господ не ги протера луѓето далеку. Тешко истребување ќе ја погоди земјата, 13 и ако остане во неа уште една десетина, и таа ќе биде сотрена како даб кога ќе го пресечат до пенушката. Нивната пенушка ќе биде свето семе.”
1 Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат. 2 Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.” На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот. 3 И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле. 4 Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син, 5 зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст. 6 „Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.” 7 ‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде! 8 Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ. 9 Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.”‘“ 10 Господ му проговори пак на Ахаз и му рече: 11 „Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.” 12 Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.” 13 Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате! 14 Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел! 15 Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто. 16 Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства. 17 Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, - асирскиот цар.” 18 Во оној ден, Господ ќе им даде знак на мувите на вливот на египетските реки, и на пчелите во Асирската Земја, 19 да дојдат и да слетаат по стрмните долови, по расцепените карпи, по сите трништа и по сите пасишта. 20 Во оној ден, ќе ги избричи со брич наемен од онаа страна на Еуфрат - со асирскиот цар - косата од главата, влакната од нозете и брадата од образите. 21 Во оној ден, секој ќе храни по една крава и по две овци, 22 и од изобилството на млекото што ќе му го дадат ќе се храни со маст; ќе се хранат со маст и мед сите што ќе останат во земјата. 23 Во онај ден, секаде каде имаше илјада копачки, што вредеа илјада сребреници, ќе изникнат глогинки и трње. 24 Онаму ќе тргнуваат со стрела и лак, зашто целата земја ќе обрасте со глогинки и трње. 25 А по сите гори каде се копаше со мотика веќе никој не ќе оди, страшејќи се од трњето и глогинките: таму ќе пасат говеда и ќе газат овци.
1 Господ ми рече: „Земи голема плоча и напиши на неа со човечко писмо: Махер Шалал Хаш Баз - Брз грабеж - брз плен.” 2 Потоа зедов веродостојни сведоци, свештениците Уриј и Захариј, синот Еверехиев. 3 & се приближив на пророчицата, па таа зачна и роди син. Господ ми рече: „Наречи го Махер Шалал Хаш Баз, 4 зашто пред детето да почне да галеничи ‘тате’ и ‘мамо’, ќе ги однесат пред асирскиот цар сето богатство на Дамаск и пленот од Самарија.” 5 И Господ ми рече пак: 6 „Бидејќи народот ги отфрла тивко течечките води на Силоам, а трепери пред Ресин и пред Ремлиевиот син, 7 Господ ќе ја наврати на вас силната и голема вода Еуфрат - асирскиот цар и сета негова слава - и таа ќе излезе од своето корито, ќе се прелее преку своите брегови; 8 ќе навлезе во Јудеја, ќе се разлее и ќе ја преплави, ќе се искачи до нејзиното грло; и ќе ги рашири своите крила преку целата твоја земја, о Емануеле. 9 Здружете се само, народи, но ќе бидете здробени! Послушајте вие далечни цареви, вооружувајте се, ќе бидете раздробени, опашувајте се, ќе бидете раздробени! 10 Договорувајте се, договорот ќе ви биде уништен, советувајте се само, ќе биде напразно, зашто Бог е со нас!” 11 Зашто, Господ ми рече вака, кога ме фати со раката и кога ме опомена да не одам по патот по кој оди овој народ, велејќи: 12 „Не наречувајте го завера сè она што овој народ го вика завера; не плашете се од она од што се бои тој и немајте страв. 13 Господ над Воинствата - единствено Тој нека ви биде свет; бојте се единствено од Него, нека ве проникне стравот од Него. 14 Тој ќе ви биде стапица и камен на сопнување и стена на соблазнување за двете Израелеви куќи, стапица и мрежа за сите Ерусалимци. 15 Мнозина од нив ќе се сопнат, ќе паднат, ќе се разбијат, ќе се заплеткаат, ќе бидат фатени.” 16 Запази го ова сведоштво, запечати го ова откровение меѓу Моите ученици: 17 Ќе Го чекам Господа Кој го скрил Своето лице од Јакововиот дом - јас се надевам во Него. 18 Еве, јас и децата кои Господ ми ги даде сме знак и чудо за Израел, од Господа над Војските, Кој престојува на Сионската Гора. 19 Ако ви речат: „Прашајте ги духовите и оние кои пророкуваат за иднината, што шепотат и м’рморат” - одговорете: „Зар народот не треба да Го праша својот Бог? Зар мртвите се прашуваат за живите?” 20 Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив. 21 Ќе скита по земјата угнетуван и гладен, гладна бес ќе го опфати, ќе ги проколнува својот цар и својот Бог. 22 Ако се заврти кон небото, погледне ли по земјата, ете, насекаде само мрак и стравотија, насекаде мрачна темнина. Но темнината ќе се распрсне зашто веќе ќе нема мрак, каде што е сега измачување.
1 Во прво време Тој ја понижи Завулоновата Земја и Нефталимовата Земја, но во последното време Тој ќе го прослави патот покрај морето од онаа страна на Јордан - незнабожечката Галилеја. 2 Народ кој одеше во темнина, виде голема светлина; оние што живееја во мрачна земја, ги осветли силна светлина. 3 Ти го умножи народот, ја зголеми веселбата, и тие се радуваат пред Тебе, како што луѓето и се радуваат на жетвата, како што викаат кога се дели пленот. 4 Неговото тешко бреме, прачката што му ги притискаше плеќите, бичот на неговиот гонител, ги скрши како во мадијамскиот ден. 5 Да, сите воени обувки, секоја облека натопена во крв, ќе изгорат и ќе му бидат храна на огнот. 6 Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот. 7 Неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот над Давидовиот престол, над неговото царство: ќе го зацврсти и ќе го утврди во правина и во праведност. Отсега и довека ќе го направи тоа приврзаната љубов на Господа над Воинствата. 8 Господ испрати слово на Јакова и тоа падна на Израел. 9 Го научи сиот Негов народ, Ефрем и жителите на Самарија кои велеа со надуено и горделиво срце: 10 „Ни пропаднаа тулите, ќе градиме од делкан камен; ни ги исекоа дивите смокви, ќе посадиме кедри.” 11 Но Господ ги подигна на гората Сион неговите противници и ги подбуцнува неговите непријатели: 12 Сиријците на исток, Филистејците на запад, за да го голтнат со сите усти Израел. Покрај сè тоа Неговиот гнев нема да се смири, Неговата рака ќе остане испружена. 13 Но народот не се обрати кон Оној Кој го биеше, не Го бараа Господа над Војските. 14 Затоа Господ му ги отсече на Израел главата и опашката, палмата и трската во еден ден. 15 Старешината и првенецот - тоа е главата; пророкот, учител на лагата - тоа е опашката. 16 Оние кои го водат тој народ, го заведуваат, а кои ќе остават да бидат водени - пропаднаа. 17 Затоа Господ нема да ги поштеди младите, нема да им се смилува на неговите сираци и вдовици. Сиот тој народ е безбожен и зол, зборува безумно со сета уста. Неговиот гнев нема да се смири на сè тоа, Неговата рака ќе остане испружена. 18 Да, безбожноста се размавта како оган, голта глогинки и трње, па ги запали густите горски месности, столбови од дим се креваат. 19 Гори земјата од Господовиот гнев, народот му станува храна на огнот. Никој не го поштедува ни брата си, 20 ќе граби оддесно и пак ќе е гладен; ќе голта одлево, и пак не ќе е сит; секој ќе јаде месо од својата мишка. 21 Манасиј Ефрема, Ефрем Манасија, двајцата заедно против Јуда. Неговиот гнев нема да се смири на сè тоа, Неговата рака ќе остане испружена.
1 „Тешко им на оние што издаваат неправедни закони, кои пишуваат жестоки решенија; 2 кои им ја скратуваат правдата на бедните и и го одземаат правото на сиромаштијата на Мојот народ, за да ги ограбат вдовиците, за да ги опљачкаат сиромашните! 3 Што ќе правите во денот на казната кога пропаста ќе дојде оддалеку? Кому ќе му прибегнете за помош, каде ќе го оставите своето богатство, 4 за да не се наведнете меѓу робовите, за да не паднете меѓу убиените?” Покрај сè тоа, Неговиот гнев нема да се смири, Неговата рака ќе остане испружена. 5 „Горко ти Асирецу, бичу на Мојот гнев, прачко со која замавнува Мојот гнев! 6 Го испратив против неверен народ, на народ што ме разјари, за да го ограби и опљачка, за да го изгази како кал на улица. 7 Но тој не мислеше така, и не судеше така во срцето, туку во срцето создаде завера за истребување на многу народи. 8 Зборуваше: ‘Не се ли сите кнезови мои цареви? 9 Не е ли Халан како Хархемес? Не е ли Емад како Арпад? Самарија како Дамаск? 10 Како што Мојата рака го достигна царството на лажните богови, побогати со кипови од Ерусалим и Самарија, 11 како што направив со Самарија и со нејзините лажни богови, нема ли да направам и со Ерусалим и со неговите ликови?’” 12 И кога Господ ќе го доврши сето Свое дело на гората Сион и во Ерусалим, ќе го казни плодот на горделивото срце на асирскиот цар и дрскоста на неговите горделиви очи. 13 Зашто рече: „Направив со својата рака и со својата мудрост, зашто сум умен; ги отстранив границите меѓу народите и ги ограбив нивните богатства, како јунак ги симнав оние што седат на престолите. 14 Мојата рака ги зграби како гнезда богатствата на народите. Како што се собираат оставените јајца, ја собрав целата земја, и немаше никој да затрепери со крилјата да отвори клун, да цивка.” 15 Зар се фали секирата покрај оној што сече со неа? Ќе се гордее ли пилата покрај оној што со неа реже? Како жезолот да мавта со оној кој го крева, или прачката ја крева оној што не е дрво. 16 Господ над Воинствата ќе им испрати крај на неговите згојувања, ќе му ја потпали славата со оган, како распламсан пожар. 17 Израелевата светлина ќе биде како оган, Неговиот Светец како пламен што ќе го запали и ќе ги изгори неговите глогинки и неговото трње во еден ден. 18 И красотата на неговите гори и овоштарници ќе ја уништи од срцевината до кората, таа ќе биде како болен што згаснува; 19 ќе биде лесно да биде избројан, остатокот на горските стебла дете ќе ги запише лесно. 20 Во оној ден: Израелевиот остаток и преживеаните од Јакововата куќа, не ќе се потпираат веќе на оној кој ги бие, туку ќе се потпираат искрено на Господа, на Израелевиот Светец. 21 Остатокот ќе се врати, Јакововиот остаток при силниот Бог. 22 Навистина Израеле, твојот народ и да биде колку песок во морето, само неговиот Остаток ќе се врати, одредено е уништување, правдата се прелеа, 23 Господ, Господ над Воинствата, ќе ја уништи сета земја, како што ќе одреди. 24 Затоа Господ над Воинствата зборува вака: „О Мој народе што престојуваш на Сион, не бој се од Асирецот кога бие со бич, кога крева стап на тебе, како и Египет. 25 Зашто уште малку, многу малку, и ќе прекрати Мојот гнев, Мојата јарост ќе ги уништи.” 26 Господ над Војските ќе замавне со бич над нив како кога го удри Мадијам при стената Орив и ќе крене стап над морето како на Египетскиот Пат. 27 Во оној ден: ќе ти падне бремето од плеќи, и ќе го снема неговиот јарем од твојот врат. 28 Тој иде од Римон, доаѓа на Ајат, преминува преку Мигрон, го симнува бремето во Михмас. 29 Поминуваат низ клисури, ноќевалиштето им е во Гавај; Рама трепери, Сауловата Гаваја бега. 30 Викај гласно, ќерко Бат Галимова! Направи го да се чуе Лаис, беден Анатоте! 31 Мадмина побегна, гевимските жители избегаа. 32 Уште денес ќе застанам во Нов, сионските ќерки и се закануваат со рака на гората, на Ерусалимскиот Рид. 33 Ете, Господ, Господ над Војските, ги искаструва со страшна сила гранките, пресечени се највисоките врвови, најиздигнатите се снижени. 34 Од секирата паѓаат густите горски месности, Ливан паѓа со својата слава.
1 Ќе изникне фиданка од Јесеевите пенушки; стебло ќе никне од нејзиниот корен. 2 Господовиот Дух ќе почива на него, дух на мудроста и на разум, дух на совет и на сила, дух на знаење и на страв, Господен. 3 Господовиот страв ќе го вдахне, не ќе суди според виденото, ни ќе пресудува според чуеното, 4 туку ќе им суди по правда на бедните, и прав суд ќе им изречува на бедните на земјата. Со бичот на Своето слово ќе го шибне силникот, а со здивот од устата ќе го убие безбожникот. 5 Тој со правда ќе ги препаше бедрата, а со верност страните. 6 Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води. 7 Кравата и мечката ќе пасат заедно, а нивните млади ќе лежат заедно, лавот ќе јаде слама како говедо. 8 Доилче ќе си игра над дупката на змијата, цицалчето ќе ја вовлекува раката во змииното легло. 9 Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора: земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода. 10 Во оној ден: Јесеевиот корен, ќе биде издигнат како знаме на народите, луѓето ќе го бараат Него. И Неговото престојување ќе биде славно.” 11 Во оној ден: Господ ќе ја испружи раката повторно за да го откупи Остатокот на Својот народ, оние што ќе останат од Асирија и од Египет, од Патрос, од Етиопија и од Елам, од Сенар, од Емат и од морските острови. 12 Ќе им издигне знаме на народите, ќе им ги собере на Израел заробениците и ќе им ги собере на Јуда распрснатите, од сите четири краишта на земјата. 13 Ќе ја снема Ефремовата љубомора, ќе бидат истребени Јудините непријатели; Ефрем нема веќе да му завидува на Јуда, а Јуда не ќе му биде непријател на Ефрема. 14 Ќе им седнат на вратот на Филистејците на запад, заедно ќе ги пленуваат синовите на исток; својата рака ќе ја испружат на Едом и Моав, Амоновите синови ќе им бидат покорни. 15 Господ ќе го исуши заливот на Египетското Море, ќе замавне со раката против Еуфрат; со силата на ветерот ќе го разбие на седум потоци, за да може да се преминува во обувки: 16 и ќе му биде пат на Остатокот на Неговиот народ, кој ќе остане жив од Асирија, како што им беше на Израелците кога излегоа од Египетската Земја.
1 Ќе речеш во оној ден: „Ќе Те славам Господи, Ти се разгневи на мене, ама Твојот гнев се одврати и Ти ме утеши. 2 Ете, Бог е мое спасение, се надевам, не се бојам веќе, зашто Господ е моја сила и песна, Тој е мој избавител.” 3 И со радост ќе црпите вода од изворот на спасението. 4 Ќе речете, во оној ден: „Фалете Го Господа, повикувајте Го Неговото име! Објавете им ги на народите Неговите дела, разгласувајте ја возвишеноста на Неговото име! 5 Пејте Му на Господа, зашто создаде убавини, нека се знае тоа по целата земја! 6 Воскликнувајте и радувајте се, жители на Сион, зашто голем е меѓу тебе Израелевиот Светец!
1 Бреме против Вавилон што го виде Исаија, синот Амосов. 2 „На голо брдо кренете знаме, викајте им со сето грло, мавтајте со рацете за да влезат низ кнезовските врати. 3 Јас им дадов заповед на Своите избраници, кон Својот гнев ги повикав Своите јунаци, кои го слават Моето величество.” 4 Чуј! Врева на планините како од мноштво народ. Чуј! Шум од царствата на собраните народи. Господ над Воинствата ја прегледува војската за бој. 5 Од далечен крај, од границите на небото доаѓаат тие, Господ и оружјата на Неговиот гнев, за да ја погубат целата земја. 6 Ридајте, зашто е близу Господовиот ден, како гибел доаѓа од Сèмоќниот. 7 И затоа сите раце ослабуваат, секое човечко срце се истоштува, 8 стравотија ги обори, веќе ги опфатија труднички болки, и се грчат како родилка. Исплашени се набљудуваат еден друг, лицата им се како пламен. 9 Ете доаѓа лутиот Господов Ден гнев и јарост - за да ја претвори земјата во пустина, за да ги истреби грешниците од неа. 10 Зашто небесните ѕвезди а ни соѕвездијата не ќе блескаат веќе со светлина, сонцето ќе потемнее изгревајќи, и месечината не ќе свети веќе. 11 „Ќе го казнам светот за злото, безбожниците за беззаконието, ќе ја докрајчам горделивоста на горделивите, ќе ја понижам надуеноста на силниците. 12 Човекот ќе биде поредок отколку пречистено злато, смртникот поредок од офирското злато. 13 Ќе ги разнишам небесата, ќе се помрдне земјата од местото, од гневот на Господа над Воинствата, во денот на пламнатата Му јарост. 14 И тогаш, како исплашена газела, како овци што никој не ги собира, секој ќе му се врати на својот народ, секој ќе избега во својата земја. 15 Кого ќе го стигнат, ќе го пронижат, кого ќе го фатат, ќе го исечат со меч; 16 пред нивните очи ќе ги смачкаат нивните младенци, ќе им ги ограбат куќите, ќе им ги изнасилат жените. 17 Ете, ги кревам Мидијците против нив, кои не го ценат среброто и што го презираат златото. 18 Сите момчиња ќе бидат покосени, сите девојки сотрени, не ќе му се смилуваат на плодот на утробата, не ќе им се сожали окото на децата. 19 Вавилон, украс на царствата, убавина и горделивост халдејска, ќе биде како Содом и Гомор кога Бог ги сотре. 20 Никогаш веќе не ќе биде со жители, од род до род ќе остане ненаселен. Арабјанецот не ќе подига таму шатор, ниту пастирите ќе одморуваат таму. 21 Пустинските ѕверови ќе почиваат таму, бувовите ќе им ги наполнат куќите, ноевите ќе живеат таму, јарците ќе играат таму. 22 Хиените ќе вијат во неговите замоци, а чакалите во раскошните дворци. Неговото време наближува, деновите нема да му бидат продолжени.
1 Да, ќе му се смилува Господ на Јакова и пак ќе го избере Израел, ќе му даде да почине во својата земја. Ќе му се придружи придојденикот и ќе му се приклучи на Јакововиот дом. 2 Самите народи ќе дојдат по нив и ќе ги одведат во нивниот крај, а Израелевиот Дом ќе ги наследи нив во Господовата земја како слуги и слугинки. И ќе ги заробат оние кои ги пленија нив, и ќе господарат над своите угнетувачи. 3 Во денот кога Господ ќе ти даде да починеш од своите страдања, немири и од тешкото робување со кои те притиснаа, 4 ќе му ја запееш оваа пословица на вавилонскиот цар: „Како го снема насилникот? Како исчезна угнетувањето? 5 Господ го скрши злосторничкиот стап и владетелското жезло 6 што бесно ги биеше народите со удари без крај, што владееше гневно над народите, прогонувајќи ги без милост. 7 Во починка мирува сета земја воскликнувајќи од радост. 8 Чемпресите и ливанските кедри ќе се радуваат над тебе, велејќи: ‘Откако падна, дрвосечачите не доаѓаат веќе да нè сечат!’ 9 Заради тебе се возбуди Подземјето за да те пречека кога ќе дојдеш. Во твоја чест, тоа ги разбудува сенките, сите земни насилници, тоа ги крева од престолите сите цареви на народите. 10 Сите тие ќе ти прозборуваат: ‘И ти си скршен како нас, стана сличен со нас. 11 Твојата гордост се сурна во Подземјето, и вревата на твоите харфи; под тебе е легло на гнилеж, а црвите се твоја покривка.’ 12 Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите? 13 Зборуваше во своето срце: ‘Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престолувам, на краен север. 14 Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сèвишниот.’ 15 А се сруши во Подземјето, во длабочините на пропаста! 16 Кои те видоа, те набљудуваат и размислуваат за тебе: ‘Дали е ова човекот кој ја тресеше земјата и ги разнишуваше царствата, 17 кој го претворуваше светот во пустина и на земјата ги срамнуваше градовите, кој никогаш не ги пушташе дома своите заробеници?’ 18 Царевите на народите почиваат сите во чест, секој во својата гробница. 19 А ти си исфрлен и од гробот, како одвратен смет, покриен со заклани, со прободени од меч, што се расфрлени по гробните плочи како згазен труп! 20 Не ќе се здружиш со нив во гробот, зашто ја уништи својата земја и го искла својот народ. И довека веќе не ќе се спомнува злосторничкото племе. 21 Подгответе колеж на децата за беззаконијата на нивните татковци, за да не се кренат веќе да ја освојуваат земјата и да не го покријат лицето на светот!” 22 „Ќе станам против нив - вели Господ над Војските, и ќе му ги сотрам на Вавилон името и Остатокот, родот и породот - вели Господ. 23 Ќе им го дадам во сопственост на ежевите и на мочуриштата. Ќе го изметам со гибелна метла,” говори Господ над Воинствата. 24 Господ над Воинствата се заколна: „Што намислив, ќе се збидне, што наумив, ќе се изврши! 25 Ќе ја скршам Асирија во Својата земја, ќе ја згазам на Своите гори. Неговиот јарем ќе падне од нив, неговото бреме ќе падне од нивните плеќи. 26 Таква одлука е донесена против целата земја; таква рака е испружена против сите народи! 27 А кога Господ над Војските одлучи, кој ќе се воспротиви? Кога ќе ја испружи раката, кој ќе ја одврати?” 28 Во онаа година кога умре царот Ахаз беше објавено ова пророштво: 29 „Не радувај се, сета Филистејска Земјо, дека се скрши жезалот што те удираше, зашто од змииниот корен ќе излезе лутица, што ќе роди крилест змев. 30 Првородените на сиромасите ќе се нахранат и сиромасите ќе почиваат во безопасност; со глад ќе го умртвам твојот род и ќе го погубам тоа што ќе остане од тебе. 31 Ридајте врати! Извикувај, граду! Трепери, цела Земјо Филистејска! Зашто доаѓа дим од север, и неговите чети никој не ги напушта!” 32 Што ќе им се одговори тогаш на гласниците на народите? „Господ го основа Сион, и во него се заштитени бедните на неговиот народ.”
1 Пророштво за Моав. Опустен во ноќта, разорен падна Моавскиот Ар! Разурнат во ноќта падна Моавскиот Кир! 2 Се искачуваат кон Девонскиот храм, на високи места за да плачат; за Нево и за Медев, Моав рида! Сите глави се истрижени, а сите бради избричени; 3 облекуваат вреќи на улиците, а ридаат на неговите покриви! Сите ридаат на неговите раскрсници и пролеваат солзи. 4 Лелекаат Есевон и Елеал, плачот се слуша до Јаса. Затоа им се тресат слабините на Моав, трепери неговата душа; 5 Моавовото срце липа, неговите бегалци одат до Сигор. Да, за да се искачуваат плачејќи по ридот Луит; по Оронаимскиот Пат се разлева лелек над пропаста. 6 Да! Нимримските води станаа пустина: тревата се исуши, тревите исчезнаа, нема веќе зеленило. 7 Затоа печалбата што ја спечалија и она што заштедија ги носат преку Потокот на Врбите. 8 Да! пискот се разлева низ моавскиот крај: ридањето му е до Еглаим, плачењето му е до Вир-Елим. 9 Да! Димонските води се полни со крв, и уште една несреќа му придавам на Димон: еден лав за моавските бегалци и за преживеаните во земјата.
1 Праќајте му јагниња на владетелот на земјата, од Стената кон пустината до гората на Сионската Ќерка. 2 Како разбегани птици, како растурено гнездо, ќе биде моавската ќерка при Арнонските Бродови. 3 Дај ни совет, донеси одлука! Среде пладне распрости ја својата сенка како ноќ. Засолни ги протераните, не предавај ги бегалците. 4 Остави ги протераните да престојуваат при Тебе, Моаве, биди им закрила пред разурнувачот. Кога ќе докрајчи измачувачот, кога ќе го снема опустувачот, кога ќе исчезне угнетувачот од земјата, 5 ќе се утврди престолот со милост и на него ќе седи верно, во Давидовиот шатор, судија кој ја бара правината и ја врши правдата. 6 Чувме за Моавовата гордост, за прекумерна гордост, за гордоста, за надуеноста и за самонатценувањето, суетно е неговото фалење. 7 Затоа ридаа Моавците за Моав сите тажат заедно, за низи од суво грозје од Кир-Аресет тажат горчливо поразени. 8 Зашто овенаа есевонските ниви, сивамските лозја, и лисјата им ги исчукаа господарите на народите. Достигаа до Јазир, навлегуваа во пустината; неговите гранчиња се ширеа сè до морето. 9 Затоа плачам за сивамското лозје како што плаче Јазир, јас те залевам со солзи, Есевон и Елеал! Зашто во времето на твојот гроздобер и на твојата жетва, нема веќе шумна радост, 10 ги снема од плодоносното поле веселбата и радоста. Во лозјата не се пее весело, не се воскликнува од радост; не се гнече грозјето во садовите молкна подвикувањето. 11 Затоа мојата утроба за Моав трепери како харфа, а моите гради за Кир-Ерес. 12 Напразно се покажува Моав, се изморува на високите места, доаѓајќи во светилиштето за да се моли: ништо не ќе постигне. 13 Ова е словото што некогаш Господ го рече против Моав. 14 А сега Господ зборува вака: „За три години, наемнички години, Моавовата слава, со сето негово големо мноштво, ќе потемни, а што ќе остане од неа, ќе биде малечко, слабо и немоќно.”
1 Пророштво за Дамаск. „Ете, Дамаск ќе прекрати да биде град, и ќе стане куп урнатини; 2 неговите гратчиња, напуштени довека, ќе бидат пасиште за стадата; ќе лежат во нив, и никој не ќе ги тера. 3 Ефрем ќе ги изгуби тврдините, а Дамаск царството; на остатокот на Сирија ќе му се случи што и на славата на Израелевите синови - Слово е на Господ над Воинствата. 4 Во оној ден ќе се смали Јакововата слава, ќе ослаби дебелината на неговото тело. 5 Ќе биде како жетвар кога го фаќа житото, а раката му го жние класјето, како кога се собираат класови во Рефаимската Долина - 6 ќе останат само побироците; или како кога се тресе маслинката: две-три маслинки сосем на врвот, четири или пет на гранките на дрвото - Слово е на Господа, на Израелевиот Бог. 7 Во оној ден човекот ќе погледне на својот Создател и ќе ги втренчи очите кон Израелевиот Светец. 8 Не ќе го гледа веќе жртвеникот, делото на своите раце, не ќе го гледа веќе оној што неговите прсти го направија: ашерите и сончевите столбови. 9 Во оној ден твоите градови ќе бидат напуштени, како што беа напуштени хивијските и аморејските, кога ги оставија пред Израелците и ќе запустат, 10 зашто го заборави Бога на своето спасение и не ја спомна Стената на својата сила. Затоа садиш пријатни билки и пресадуваш туѓински подници; 11 тие порастуваат, во денот кога ги посадуваш, а наутро расцветуваат твоите подници, но жетвата пропаѓа во ден на неволја, во ден на неизлечива тага. 12 Ах, шум на многубројни народи, шумат како што шуми морето; шум на народи што шумат, како што шумат големите води. 13 Шумат народите како што шумат силните води, но кога Тој ќе им се закани, бегаат далеку, развевани низ горите како плева на ветер, како правот во виор. 14 Ете, навечер страв; пред разденување веќе го нема: тоа е судбината на оние кои нè пленуваат и коб на оние што нè ограбуваат.
1 Тешко ти земјо со крилести бубачки, отаде етиопските реки, 2 тебе - која испраќаш гласници по море, и по вода во рогозови бродови: „Одете, брзо брзоодци, кон високиот народ, со темна кожа, кон народот од кого се бојат отсекогаш, народ жилав, завојувачки, чија земја е избраздена со реки.” 3 Сите жители на земниот круг, и вие, жители на земјата, кога ќе се дигне знамето на ридот, гледајте; кога рогот ќе затруби, слушајте. 4 Зашто вака ми зборува Господ: „Мирно ќе гледам од Своето место, како пладневната проѕирна жега, како росен облак за време на жетвената горештина.” 5 Пред бербата, кога лозјата процветуваат, и цветот узрева во гроздови, со ножеви ќе ги пресечат подниците, ќе ги подврзат, ќе ги отстранат гранките. 6 Сите ќе им бидат оставени на горските грабливци и на земните ѕверови. Грабливците ќе летуваат во нив и земните ѕверови ќе зимуваат. 7 Во она време висок и темнокожен народ, народ од кого се бојат отсекогаш, жилав и завојувачки народ, чија земја е избраздена со реки, ќе Му донесува дарови на Господа над Воинствата, при местото на Името на Господа над Војските - на гората Сион.
1 Пророштво за Египет. Ете, Господ седи на брз облак, доаѓа во Египет. Египетските идоли треперат пред Него, срцето на Египетците им примрува во градите. 2 „Ќе ги подбуцнам Египетците против Египетците, и брат ќе се бори против брата си; другар против другар, град против град, и царство против царство. 3 И духот на Египет ќе изнемошти, Јас ги спречувам неговите намисли; тие бараат идоли и вражалци, повикувачите на мртви и гатачи. 4 Ги предавам Египетците во рака на жесток господар, свиреп цар ќе владее над нив” - Слово е на Господа над Воинствата. 5 Ќе ја снема водата од морето, Реката ќе секне и ќе пресуши, 6 ќе засмрдат прокопите, ќе спаднат и ќе пресушат разделниците на Египетската Река. Ќе овенат: трската и рогозот, 7 сето зеленило покрај Нил; сите посеви покрај Нил ќе се исушат, ќе пропаднат, ќе се распрснат, ќе исчезнат. 8 Рибарите ќе тажат, ќе ридаат сите што фрлаат јадица во Нил; ќе жалат оние што оптегаат мрежа во водата. 9 Ќе се засрамат преработувачите на лен, гребенарите и ткајачите на бели ткаенини. 10 Ткајачите ќе се нажалат, работниците ќе се растажат. 11 Соанските кнезови се вистински безумници, мудрите фараонови советници советуваат неосновано; како се осмелувате да му речете на фараонот: „Ученик сум на мудреците, ученик на древните цареви?” 12 Па каде се твоите мудреци? Нека ти соопштат и нека ти откријат што намисли Господ над Воинствата со Египет. 13 Соанските кнезови се луди, мемфиските кнезови се измамени, тие го заведуваат Египет, главатарите на неговите племиња. 14 Господ влеа во нив зашеметен дух, па го заведуваат Египет во секое негово дејство, за да тетерави како пијаница кога блува. 15 Во Египет не ќе може веќе да успее ништо од она што го прават главата и опашката, палмата и трската. 16 Во оној ден Египетците ќе станат како жени, ќе треперат и ќе се бојат од замавнувањето на раката на Господа над Воинствата, со која ќе замавне врз нив. 17 Јудината Земја ќе биде ужас за Египет; кога ќе си спомни за неа, ќе го опфати страв заради она што Господ над Војските намисли против него. 18 Во оној ден, во Египетската Земја, пет градови што зборуваат на ханаански јазик ќе Му се заколнат на Господа над Воинствата; еден од нив ќе се вика Ахерес. 19 Во оној ден Господовиот жртвеник ќе биде среде Египетската Земја и столбот посветен на Господа близу до неговата граница. 20 Тоа ќе биде знак на Господа над Воинствата и сведоштво во Египетската Земја. Кога ќе Го повикаат Господа против угнетувачите, Тој ќе им испрати спасител и водач за да ги избави. 21 И ќе им се објави Господ на Египетците, и во оној ден Египетците ќе Го познаат Господа; ќе Му служат со жртви и приноси, ќе се заветуваат и ќе ги извршуваат заветите. 22 Господ ќе ги удри тешко Египетците, ама ќе ги излечи. 23 Во оној ден патот ќе води од Египет до Асирија. Асиријците ќе доаѓаат во Египет, а Египетците во Асирија. Египет и Асирија ќе Му служат на Господа. 24 Во оној ден Израел, ќе биде трет со Египет и Асирија, ќе биде благословен среде земјата. 25 Господ над Воинствата ќе го благослови: „Нека е благословен, ќе рече, Мојот Египетски народ, делото на Моите раце Асирија и Моето наследство Израел.”
1 Во годината кога врвниот војсководач, кого го беше испратил Саргон, асирски цар, дојде во Азот, го нападна и го зазеде, 2 во тоа време Господ му рече на Исаија, Амосовиот син, велејќи: „Ајде, симни го вреќиштето од половината и собуј ги обувките од нозете.” Тој направи така и одеше гол и бос. 3 Тогаш Господ рече: „Како што Мојот слуга Исаија одеше гол и бос три години, како знак и чудо за Египет и Етиопија, 4 така асирскиот цар ќе одведе затвореници од Египет и заточеници од Етиопија: млади и стари, голи и боси, со откриени бедра, за срам на Египет. 5 Тогаш ќе се збунат и ќе се засрамат заради Етиопија, својата надеж, и заради Египет, својата горделивост. 6 И жителите на ова приморје ќе речат во оној ден: ‘Ете, тоа е нашата надеж, кон која прибегнуваме за да ни помогне и за да нè спаси од асирскиот цар. А како да се спасиме ние?’”
1 Пророштво за Приморската Пустина. Како што виорите дувајќи низ Негев доаѓаат од пустината, од стравотниот крај 2 - ми се откри во страшно видение - така ограбувачот ограбува, запустувачот запустува. „Нафрли се, Еламу, опколи, Мидејо! Ќе ги докрајчам сите пискотници.” 3 Затоа моите бедра се полни со грчеви; ме опфаќаат болки како болките на родилката; оглувев од збунетост, ослепев од страв. 4 Срцето ми трепери, ужас ме опфати, примракот за кој копнеев стана страшилиште. 5 Поставуваат стол, распростираат столна прекривка, се јаде и пие. Станете, кнезови мачкајте ги штитовите! 6 Зашто Господ ми рече вака: „Оди, постави стражари! Нека јават, што ќе видат. 7 Ако видат коњаници, вдвоени јавачи, јавачи на осли, јавачи на камили, нека внимаваат добро, со напрегнато внимание!” 8 А стражарот извика: „Господару, постојано сум во стражарницата дење, јас престојувам на стража целата ноќ.” 9 И ете, доаѓаат коњаници, двојни јавачи. Тие ми викнаа, тие рекоа: „Падна, падна, Вавилон! Сите кипови на неговите богови се искршија на земја.” 10 Извршено жито, чедо на моето гумно, што чув од Господа над Воинствата, од Израелевиот Бог, ви јавив! 11 Пророштво за Едом. Ми викаат од Сир: „Стражару, кое доба на ноќта е? Стражару, кое доба на ноќта е?” 12 Стражарот одговори: „Утрото доаѓа, а потоа пак ноќта. Сакате ли да прашувате, прашајте, вратете се, дојдете!” 13 Пророштво за Арабјаните. Почивате во пустинските грмушници, дедански каравани. 14 Изнесете вода пред жедните жители на Темската Земја, излезете со леб пред бегалците. 15 Тие бегаат пред мечевите, пред извлечениот меч, пред оптегнатиот лак, пред жестокиот бој. 16 Да, вака ми рече Господ: „Уште една година, надничарска година, и ќе ја снема сета Кидарова слава. 17 А од многубројните стрелци меѓу храбрите Кидарови синови малкумина ќе останат.” Така зборуваше Господ, Израелевиот Бог.
1 Пророштво за Долината на Видението. Што ти е да се искачуваш цел на покривите, 2 граде полн со врева, бучен граде, разигран граде? Твоите истепани не паднаа од меч, ниту твоите мртви паднаа во бој; 3 сите твои главатари побегнаа заедно, паднаа во ропство не оптегнувајќи лак. Заробени се сите твои кнезови, напразно избегаа далеку. 4 Затоа велам: „Оставете ме, ќе заплачам горко; не ме утешувајте заради уништувањето на Ќерката на Мојот народ.” 5 Зашто ова е ден на метеж и на угнетување од Господа, од Господа над Војските. Во Долината на Видението се руши ѕид, извик за помош се крева во планините. 6 Елам го зема тулот, Арам јава коњ, а Кир го открива штитот. 7 Твоите красни долини полни се со бојни коли, коњаниците се наредија пред вратата. 8 Така паѓа Јудината заштита. Во оној ден го сврте погледот на оружјето во Горската Куќа. 9 Видовте дека во Давидовиот Град има многу пукнатини. Ги собравте водите од Долниот Рибник. 10 Ги преброивте ерусалимските куќи, ги разурнавте куќите за да го зацврстите ѕидот. 11 Меѓу двата ѕида направивте собиралиште за водата од Стариот Рибник. Но не погледнавте кон Творецот, ниту го видовте Оној Кој одамна смислил сè. 12 Господ, Господ над Воинствата, ве повикуваше во оној ден да плачете и да жалите, да ги избричите главите и да ги препашете вреќиштата. 13 А ете: радост и веселба, ги убиваат говедата и ги колат овците; јадат месо и пијат вино: „Да јадеме и пиеме, зашто утре ќе умреме.” 14 Но Господ над Силите ми јави: „Додека не умрете, тој грев нема да ви биде простен,” рече Господ, Господ над Восјките. 15 Вака зборува Господ, Господ над Воинствата: „Тргни, оди кај оној дворјанец, кај Шевна, домоуправник на дворецот, 16 кој си делка гроб на високото место и си засечува живеалиште во стената: ‘Со што располагаш тука и кого го имаш тука, за да делкаш гробница за себе? 17 Ете, Господ ќе те фрли далеку со еден единствен удар, ќе те фати силно, 18 ќе те смота во клопче, ќе те фрли како топка во широка земја! Ти ќе умреш таму, со колата што ти беше слава, ти, сраму на дворецот на својот господар! 19 Ќе те лишам од твојата служба, ќе те истерам од твоето место. 20 Ќе го повикам својот слуга Елијаким, Хелкиевиот син. 21 Ќе му ја облечам твојата облека, ќе го препашам со твојот појас, ќе му ја предадам твојата власт во рацете, па ќе им биде татко на ерусалимските жители и на Јудината куќа. 22 Ќе му го ставам на плеќи клучот на Давидовиот Дом: Кога ќе отвори, никој не ќе затвори, кога ќе затвори, никој не ќе отвори. 23 Ќе го забијам како клин во цврсто место; и ќе стане престол на слава на татковиот си дом. 24 На него ќе биде закачувана сета слава на неговиот татковски дом, подниците и потомството, сите мали садови, од чаши до грнци. 25 Во оној ден - слово е на Господа над Војските - ќе го истргам клинот закачен во цврсто место, ќе се скрши и ќе падне. И сиот товар што висеше на него ќе се скрши, зашто Господ зборуваше.’”
1 Пророштво за Тир: Ридајте, тарсиски бродови, зашто е разурната вашата тврдина! Соопштено им е додека се враќаа од Китимската Земја. 2 Молкнете, жители на приморјето, сидонски трговци, чии гласници бродеа по морето по голема вода. 3 Сеидба на Нил, жетва на Реката, беа негово богатство. Тој им беше пазар на народите. 4 Срами се, Сидоне, зашто морето зборува: „Не ме фаќаат породилни болки, ниту раѓам, ниту хранам момчиња, ниту одгледувам девојки.” 5 Египетците ќе се растреперат кога ќе ги чујат вестите за Тир. 6 Отпловете во Тарсис, ридајте, жители на приморјето. 7 Дали е тоа вашиот весел град, што постои од дамни времиња и што нозете го носеа далеку за да се насели таму? 8 Кој го одлучи тоа против свечениот Тир, чии трговци беа кнезови, а прекупувачите првенци на земјата? 9 Господ над Воинствата одлучи така, за да ја засрами горделивата слава, за да ги понижи сите прочуени на земјата. 10 Обработувај ја земјата, тарсиска ќерко, го нема веќе твоето пристаниште! 11 Господ ја крена Својата рака на морето и ги растресе царствата. Господ заповеда да се разурнат ханаанските тврдини. 12 Рече: „Не ќе воскликнуваш веќе, засрамена девице, сидонска ќерко!” Стани и замини во Китим; ни таму не ќе имаш мир. 13 Еве ја Халдејската Земја. Тој народ не пстоеше; Асирецот им ја утврди земјата. Се издигаат опсадни стражарници, разурнуваат тврдини, сè е урнатина. 14 ”Ридајте, тарсиски бродови, разурната е вашата тврдина!” 15 Ќе се случи, во оној ден, Тир да биде заборавен седумдесет години, како деновите на еден цар. А по седумдесет години на Тир ќе му биде како на блудницата од песната: 16 „Земи ја харфата и скитај низ градот, заборавена блуднице! Свири убаво, пеј многу, за да те спомнат!” 17 По седумдесет години Господ ќе го посети Тир. И градот ќе ја добива пак својата блудничка плата. Ќе блудствува со сите царства на лицето на земјата. 18 Но неговата печалба и плата ќе Му бидат посветени на Господа; не ќе бидат вложени во сокровиште ниту ќе бидат чувани, туку неговата добивка ќе биде за оние кои престојуваат пред Господа, за да имаат храна до наситување и пристојна облека.
1 Ете, Господ ја запустува земјата, ја разурнува, и го обезобразува лицето, ги распрснува нејзините жители. 2 Свештеникот ќе биде како и народот, господарот како и слугата, господарката како и слугинката, продавачот како и купувачот, заемодавачот како и позајмувачот, оној што дава на заем како и должникот. 3 Земјата ќе биде запустена, сосем ограбена, зашто Господ одлучи. 4 Земјата тажи, венее, светот гине, згаснува, небото пропаѓа со земјата. 5 Земјата е онечистена под своите жители, зашто го престапија Законот, ја изгазија одредбата, го нарушија вечниот Завет. 6 Затоа проклетството ја проголтува земјата, нејзините жители се виновни. Затоа се изгорени земните жители и малку луѓе останаа. 7 Виното тагува, лозата венее, воздивнуваат сите што беа со весело срце. 8 Прекрати веселбата покрај тапаните, замре разиграната врева, прекратија веселбите покрај гуслето. 9 Не се пие веќе вино со песни, се згорчи жестокиот пијалак. 10 Суетниот град е разурнат, затворен е влезот во сите куќи. 11 Плач по улиците заради виното, ја снема секоја веселба, радоста е протерана од земјата. 12 Само пустота остана во градот, со тресок се скршени вратите; 13 зашто така се збиднува на земјата, меѓу народите, како кога ќе се соберат маслинките, или кога се дособира грозјето по гроздоберот. 14 Тие го креваат гласот, воскликнуваат од радост; го возвишуваат од морето Господовото величие. 15 Тие го слават Господовото Име на исток, го слават морските острови името на Господа, Израелевиот Бог. 16 Од крајот на земјата ја слушаме песната: „Слава на Праведникот!” Но јас велам: „Пропаднав! Пропаднав! Тешко мене! Вероломците се изневерија со неверство, вероломците се изневерија.” 17 Страв, јама, стапица, за тебе, жителу на земјата: 18 Кој ќе избега пред гласот на стравот, ќе падне во јама, кој ќе се извлече од јамата ќе биде фатен од стапицата. Да, ќе ги отворам браните одозгора и ќе ги растресам основите на земјата. 19 Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, 20 земјата ќе се залула како пијаница, ќе се заниша како колиба, толку ќе и стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане. 21 И ќе се случи во оној ден: Господ ќе ја казни во висината небесната војска, а на земјата сите земни цареви; 22 ќе бидат собрани и затворени во јама, затворени во темница и казнети по многу денови. 23 Месечината ќе се зацрвени, сонцето ќе се засрами, зашто Господ над Воинствата ќе царува на Сионската Гора и во Ерусалим, и Неговата слава ќе блеска пред старешините.
1 Господи, Ти си мој Бог, Те величам, го славам Твоето Име, зашто спроведе чудесен наум, смислен од дамнина, вистински и верен, 2 зашто градот го претвори во куп камења, а утврденото место во урнатина. Непријателската тврдина веќе не е град, не ќе биде обновена довека. 3 Затоа Те слави силен народ, градот на силните племиња се бои од Тебе; 4 зашто Ти си му заштита на сиромашниот; прибежиште на бедниот во неволја; прибежиште од пороен дожд и засолниште од припек, зашто силничкиот гнев е како зимски пороен дожд; 5 како жега над сувата земја, Ти ја задушуваш вревата на непријателот, како припекот со сенката на облак, им прекрати на насилниците победничката песна. 6 И Господ над Воинствата ќе им приготви на сите народи на оваа гора гозба од мрсно месо, гозба со чисто вино, од сочна згуснетост, од стаено вино. 7 На оваа гора Тој ќе ја скине завесата која ги покриваше сите народи, покривката што ги покриваше сите племиња, 8 и ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице - ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така. 9 И ќе се рече во оној ден: „Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надеваме, Тој нè спаси; Тој е Господ во Кого се надевавме! Да Му воскликнуваме и да се веселиме на Неговото спасение.” 10 Зашто Господовата рака почива на оваа гора! Моав е изгазен на своето место како што се гази слама на буниште. 11 Таму Тој размавнува со рацете, како што ги размавнува пливачот кога плива. Но Господ ја оборува неговата горделивост и кревањата на неговите раце. 12 Високата тврдина на твоите ѕидови Тој ја разурнува, ја фрла на земја, ја руши во прав.
1 Во оној ден, ќе ја пеам оваа песна во Јудината Земја: „Ние имаме цврст град: за одбрана Тој ни крева ѕидови и предѕидишта. 2 Отворете ги вратите! Нека влезе праведниот народ, кој ја пази верноста, 3 чие значење е цврсто, кој го чува мирот зашто се надева во Тебе. 4 Надевајте се во Господа довека, зашто Господ е Вечна Стена; 5 Тој ги соборува оние кои живееја високо, разурнува висока крепост, ја разурнува во прав, ја срамнува со земјата, 6 па ја газат нозе, нозете на бедните и чекорите на сиромашните.” 7 Патот на праведникот е прав, Ти ја рамниш патеката на праведниот. 8 Да, на патеката на Твоите судови, Господи, Те чекаме желно; душата ни копнее по Твоето Име и по Твојот спомен. 9 Со својата душа копнеам по Тебе ноќе, и со својот дух Те барам во себе, во зори. Зашто кога Твоите судови се појавуваат на земјата, жителите на земниот круг се учат на правда. 10 Ако биде помилуван безбожникот тој не се учи на праведност. Во земјата на правдата тој прави беззаконие и не се обѕира на Господовото величие. 11 Господи, Твојата рака е подигната а тие не ја гледаат. Нека ја видат и нека се засрамат, нека ги проголта ревноста на народот, нека ги проголта огнот подготвен за Твоите непријатели. 12 Господи, Ти ни даваш мир, зашто Ти си Творец на сите наши дела. 13 Господи, Боже наш, господареа над нас освен Тебе, други господари, но единствено Тебе, Твоето Име, ние ќе споменуваме. 14 Мртвите нема да оживеат, сенките нема да воскреснат, зашто Ти ги казни и ги уништи и го сотре секој спомен за нив! 15 Го умножи народот, Господи, го умножи народот, Се прослави, ги прошири сите граници на земјата! 16 Господи, Те бараа во неволја; излеваа тивка молитва, кога ги стигна Твојата казна. 17 Како што трудната жена пред породувањето се грчи и вика во болки, такви сме, Господи, пред Тебе. 18 Забременивме, во маки сме како да раѓаме ветер, не и донесовме дух на спасение на земјата, ниту паднаа жителите на светот. 19 Твоите мртви ќе оживеат, телата ќе воскреснат. Разбудете се и воскликнувајте, жители на правот! Зашто Твојата роса е - роса на светлината, и земјата ќе ги исфрли мртвите. 20 Ајде, народе Мој, влези во собите и затвори ги вратите зад себе. Скриј се за миг додека не помине гневот. 21 Зашто, ете, Господ ќе излезе, од Своето Живеалиште, за да ги казни земните жители дека згрешија кон Него. Земјата ќе ја исфрли сета крв што е пролеана на неа и не ќе ги крие веќе оние кои беа убиени на неа.
1 Во оној ден, Господ ќе го казни со лут, голем и силен меч Левијатана, итрата змија, Левијатана, извивливата змија, и ќе го убие морскиот змев. 2 Во оној ден, пејте му, на винородното лозје: 3 „Јас, Господ, го чувам него, го залевам во секој миг; и за да не го оштети некој, стражам дење и ноќе. 4 Нема гнев во Мене! Само нека се појават трништата и трњето, ќе станам во бој против него, ќе го изгорам сето! 5 Или нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со Мене!” 6 Доаѓаат денови кога Јаков ќе се вкорени, ќе се разгранчи и ќе процвета Израел, и ќе го наполни со плодови целиот свет. 7 Дали го удри како што ги удри оние кои го удираат него? Дали го уби како што ги уби оние кои го убија него? 8 Го протера за казна, го зароби, го однесе со Својот силен здив во денот на источниот ветер. 9 Така ќе биде очистено Јакововото беззаконие; а ова е сè плод за проштавање на неговиот грев. Нека бидат здробени сите камени жртвеници како што се дробат во прав камењата од вар. Нека не се издигаат веќе ашерите и сончевите столбови! 10 Зашто запусте утврдениот град, населбата е ограбена, напуштена е како пустина. Телињата пасат таму - лежат таму, ги брстат грмушките. 11 Кога ќе му се исушат гранките, ги кршат, доаѓаат жени и палат оган. Зашто тоа е народ неразумен, затоа Создавачот нема да го жали, Творецот нема да му се смилува. 12 Во тој ден, Господ ќе врши класје од Еуфрат до Египетскиот Поток, и ќе бидете собрани еден по еден, Израелеви деца. 13 Во оној ден, ќе затруби голема труба, и ќе дојдат изгубените во Асирската Земја, и кои беа заробени во Египетската Земја, и ќе Му се поклонат на Господа, на Светата Гора, во Ерусалим.
1 Тешко му на горделивиот венец на Ефремовите пијаници, на блескавиот накит на овенат цвет -на оние кои врз плодниот дол лежат испијанети со вино! 2 Еве, од Господа доаѓа еден силен и моќен, како пороен дожд со град, како разурнувачки виор, како истурување на облаците и поплава, и ги фрла со сета сила на земја. 3 Ќе биде изгазен со нозете горделивиот венец на Ефремовите пијаници, 4 и овенатиот цвет на неговиот блескав накит над плодните долини; ќе биде како смоква - ранка пред летото: штом некој ја забележува, веднаш ја бере. 5 Во оној ден, Господ над Воинствата ќе му стане круна на славата и сјаен венец на Остатокот на Својот народ - 6 Дух на правдата за оној кој седи на судска столица, и храброст за оној кој го одбива нападот на вратата. 7 Тие се занесуваат од вино се заблудуваат од жесток пијалак: свештениците и пророците се сопнуваат од жестокиот пијалак; победени од виното; обезумени од сикер; грешат во виденијата, се сопнуваат во судењето. 8 Сите трпези се полни со гнасни болваници, никаде нема чисто место! 9 „Кого учи тој на мудрост, кого упатува тој во учење? Зар децата одвикнати од млеко, одбиени од градите? 10 Заповед на заповед, заповед на заповед, правило на правило, правило на правило малку тука, малку таму.” 11 Да, со пелтечави усни и на странски јазик ќе му се зборува на овој народ. 12 Тој ми рече: „Еве починка, оставете го заморениот да почине! Еве одмор!” Но не сакаа да послушаат. 13 Затоа Господ ќе им зборува вака: „ Заповед на заповед, заповед на заповед, правило на правило, правило на правило малку тука, малку таму.” За да паднат задничкум одејќи, за да се скршат, да се сплеткаат и да се фатат. 14 Затоа чујте го Господовото слово, вие потсмевачи, вие што владеете со овој народ, што е во Ерусалим. 15 Вие велите: „Склучивме сојуз со смртта и направивме спогодба со Подземјето. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, не, нема да нè фатат, зашто од лагата си направивме засолниште и од измамата скривалиште.” 16 Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, поставувам одбран камен на Сион, скапоцен камен аголен, основник. Оној кој верува во него, не ќе пропадне. 17 И ќе ја земам правината за мерка, а правдата за мерилка.” И градот ќе ви го смете засолништето од лагата, а водата ќе ви го наводни скривалиштето; 18 ќе пропадне вашиот сојуз со смртта, вашата спогодба со Подземјето не ќе се додржи. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, ќе ве сотре; 19 кога и да помине, ќе ве дофати; ќе поминува секое утро, дење и ноќе. И само гласот за него ќе внесува страв. 20 Постелата ќе биде прекуса за да се испружи човек, покривката претесна за да се завитка. 21 Да, како на гората Ферасим, Господ ќе стане, како во Гаваонската Долина, Тој ќе се разјари, за да го изврши Своето дело, чудесно дело, за да го исполни Својот наум, таинствен наум. 22 Откажете се од потсмевањето, за да не ве стегнат оковите посилно; зашто чув дека и е од Господа, од Господа над Воинствата, пресудено уништување на оваа земја. 23 Послушајте го и чујте го мојот глас, прислушнете ја внимателно мојата беседа. 24 Ора ли орачот секој ден, дали отвара бразди, дали влече брана во својата нива? 25 А кога ќе и ја израмни поврвнината, не сее ли грав, не турува ли ким? Пченица каде што треба, просо и јачмен, и најпосле ‘рж по рабовите? 26 Неговиот Господ го упатува, Тој го учи на вистинско дело. 27 Зашто гравот не се врши со брана, не со тркало врз кимот, туку гравот се врши со стап, а кимот се чука со прачка. 28 А дали се дроби житото? Не, не ќе го чукаш довека: врз него ќе спотераш колско тркало и коњи, но не ќе го здробиш. 29 И тоа доаѓа од Господа над Војските, со советот на Прекрасниот со мудроста на Великиот.
1 Тешко на Ариел! На Ариел, на градот што го опсади Давид! Нека се ниже година по година, нека се изредат празниците, 2 па ќе го притиснам Ариел, и ќе настанат пискотница и лелекање. За мене ќе бидеш Божјо Огниште, 3 ќе те опколам како Давид, ќе те опкружам со ровови, ќе подигнам насипи спроти тебе. 4 Соборен ќе зборуваш од земјата, од правот ќе тепкавиш со задушен збор, гласот ќе ти се крева од земјата како на покојник, ќе шептиш беседи од правот. 5 А мноштвото на твоите непријатели ќе биде како ситен прав, толпата насилници - како развеана плева: и одеднаш, во еден миг: 6 ќе те посети Господ над Војските со грмеж, со татнеж, со голем шум, со виор, со бура и со пламен оган што голта. 7 Ќе бидеш како сон, како ноќно видение: мноштво на сите народи што војуваат со Ариел и на сите оние кои завојуваа против него и против неговата тврдина и кои го притискаа отсекаде. 8 Ќе биде како кога гладниот сонува дека јаде, а се разбудува со празен желудник; и како кога жедниот сонува дека пие, па се разбудува - изнемоштен - со суво грло. Така ќе им се случи на многуте народи, кои војуваа против Сионската Гора. 9 Застанете, скаменете се од чудо, ослепете и заслепете се! Пијани се, ама не од вино, се тетерават, ама не од жесток пијалак. 10 Господ излеа на вас дух на премалување, ги затвори вашите очи - пророците, ја прекрши вашата глава - гледачите. 11 Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: „Ајде, читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не можам, зашто е запечатена.” 12 А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: „Читај го тоа!” - тој ќе одговори: „Не знам да читам.” 13 Господ рече: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби, 14 затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ - чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници.” 15 Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: „Кој нè гледа и кој нè позна?” 16 Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: „Тој не ме направи?” Или грнецот да му рече на грнчарот: „Тој не разбира ништо?” 17 Не ќе ли се претвори скоро Ливан во градина, а овошникот да се изроди во гора? 18 И во оној ден глувите ќе го чујат словото на книжниот свиток; очите на слепите, ослободени од мракот и темнината, ќе гледаат. 19 А бедните пак ќе се радуваат во Господа, најбедните ќе Му воскликнуваат на Израелевиот Светец, 20 зашто ќе нема веќе насилници, ќе ги снема потсмевачите, ќе бидат истребени сите кои смислуваат зло: 21 оние кои ги обвинуваат другите со зборови, оние кои поставуваат стапица на вратата на судијата и за ништо го соборуваат праведникот. 22 Затоа вака зборува Господ, Бог на Јакововиот дом, Кој го откупи Авраама: „Отсега Јаков не ќе се срами веќе, и не ќе му бледнее веќе лицето, 23 зашто кога ќе го види сред себе делото на Моите раце, ќе го свети Моето Име.” Ќе го светат Јакововиот Светец, ќе се бојат од Израелевиот Бог. 24 Заблудените во духот ќе се вразумат, а оние што м’рморат ќе примаат поука.
1 Тешко им на одметничките синови! Господ говори: „Тие спроведуваат основи што не се Мои, склучуваат сојузи што не се по Мојот Дух и натрупуваат грев на грев. 2 Се запатија во Египет, не прашувајќи ја Мојата уста, за да прибегнат при фараоновото засолниште и за да се заштитат во сенката на Египет. 3 Фараоновото засолниште ќе ви биде за срам, и за срамота заштитата во сенката на Египет. 4 Ене ги неговите кнезови веќе во Соан, пратениците стигнаа во Ханес: 5 сите тие ќе се разочараат во неполезниот народ, не ќе им биде на помош ниту во полза, туку за срам и срамота.” 6 Пророштво за негевските животни: Низ земјата на неволја и беда, на лавицата и лавот што рика, на лутицата и на крилестиот змев, тие го носат богатството на плеќите на ослињата, и сокровиштата на грбот на камилата, им го носат на неполезниот народ. 7 Зашто е суетна и ништожна помошта на Египет затоа и го наречувам: Рахав - самофалец, кој само седи. 8 Сега напиши на даска и запиши во книжен свиток, за да им остане сведоштво на идните времиња. 9 Ова е непокорен народ, лажливи синови, синови кои не сакаат да го слушаат Господовиот Закон. 10 На гледачите тие им велат: „Откажете се од гледањето!” а на пророците: „Не пророкувајте ја вистината! Претскажувајте што ни е пријатно, пророкувајте ни предвидувања! 11 Свртите од патот, отклонете се од патеката, отстранете ни го од пред очи Израелевиот Светец!” 12 Затоа вака вели Израелевиот Светец: „Зашто го отфрлате ова слово, а се надевате на нечесност и измама, и се потпирате врз нив, 13 тој грев ќе ви биде како распуканица, надуена високо на ѕидот, што се заканува со паѓање: 14 да се урне како што се крши глинениот сад, па меѓу неговите парчиња не ќе се најде ни парченце за да земеш жар од огништето или да зафатиш вода од кладенецот.” 15 Зашто вака зборува Господ Господ, Израелевиот Светец: „Во враќање и почивање е вашето спасение, во смирена надеж е вашата сила,” но вие не сакавте. 16 Рековте: „Не! Ќе избегаме на коњите!” - и затоа, ќе бегате! „Ќе јаваме на брзи коњи!” - и затоа, вашите непријатели ќе бидат побрзи! 17 Ќе избегате илјада од вас кога еден ќе ви се закани, ако ви се заканат петмина ќе се нафрлите во бегање додека не остане од вас како разголено дрво на врвот на гората или како знаме на брег. 18 Но Господ чека час за да ви се смилува, и по таа причина да ви искаже милост, зашто Господ е праведен Бог - блазе им на сите кои Го чекаат Него. 19 Да, сионски народе, кој живееш во Ерусалим, не плачи веќе! Штом го чуе твојот пискот, веднаш ќе ти се смили; штом ќе те чуе, ќе те послуша. 20 Господ ќе ве храни со лебот на тешкотијата, ќе ве пои со вода на неволјата, но веќе нема да се крие твојот Учител - очите ќе ти Го гледаат твојот Учител. 21 И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: „Тоа е патот, одете по него”, било да тргнувате надесно или налево. 22 Ќе ги сметаш за нечисти своите сребрени ликови; ќе ги отфрлиш како нечистота и ќе им речеш: „Надвор!” 23 А Тој ќе му даде дожд на твоето семе што ќе го посееш во земјата, и лебот што ќе го роди земјата ќе биде во изобилство и хранлив. Во оној ден, твојот добиток ќе пасе по широки пасишта. 24 Воловите и ослиците што ја обработуваат земјата ќе јадат посолена крма, веана со лопата и веалка. 25 И на секоја гора и на секој возвишен брег ќе има потоци и рекички - во денот на силниот колеж кога ќе се уриваат стражарниците. 26 Тогаш светлината на месечината ќе биде како сончевата светлина, а сончевата светлина ќе стане седумпати посилна, како светлината на седум денови - во денот кога Господ ќе го излечи скршеното, кога ќе ги излечи раните од Своите удари. 27 Ете, Името на Господа доаѓа оддалеку, Неговиот гнев гори, димот е неиздржлив. усните Му се полни со јарост, јазикот Му е оган што голта. 28 Здивот Му е како збуен поток што достига до грлото. Тој доаѓа да ги просее народите во погубувачкото решето, да стави узди за заблудување во челустите на народите. 29 Тогаш песната ќе ви биде како во празничните ноќи, кога срцата се веселат како во оној кој покрај звуците на кавалот се искачува со чест на Господовата Гора, кон Израелевата Стена. 30 Господ ќе загрми со величествен глас, и ќе ја покаже Својата рака што удира во јаросен гнев, среде гибелен оган, од буроносен пороен дожд и од крупен град. 31 Од Господовиот глас ќе се исплаши Асирецот, шибнат со рачка. 32 И секогаш кога ќе го удри казнената прачка, со која Господ ќе го нашиба, нека се разгласат тапаните и гуслињата - Тој војува со нив во сиот ек на бојот! 33 Одамна е приготвен Тофет, за царот приготвен; - куп дрва висок, широк, многу оган, многу дрва. Здивот на Господовиот гнев, како сулфурен поток, ќе го изгори.
1 Тешко им на оние кои слегуваат во Египет за помош и се надеваат на коњите, па се надеваат на многу коли и на мноштво коњаници, не гледајќи со надеж во Израелевиот Светец, и не барајќи совет од Господа. 2 Но и Тој е мудар, и ќе донесе зло, и не ќе ги одрече Своите закани; Тој ќе стане против злосторничкиот дом и против беззаконичката помош. 3 Египетецот е човек, а не Бог; неговите коњи се тело, а не дух; кога Господ ќе замавне со раката, ќе се сопне помагачот, и ќе падне оној кому му помага - сите заедно ќе пропаднат. 4 Да, вака ми рече Господ: „Како што лавот или лавчето ‘ржи и чкрта со забите над пленот, па и кога ќе стрчаат кон него мноштво пастири, тој не се исплашува од нивната викотница, ниту се грижи за нивната врева - така Господ над Воинствата ќе слезе да војува за гората Сион, за нејзината височина. 5 Како птиците што мавтаат со крилјата, Господ над Воинствата ќе го закрилува Ерусалим, ќе го засолнува, ќе го избави, ќе го поштеди и ќе го спаси. 6 Вратете се при Оној од Кого отпаднавте толку длабоко, синови Израелеви. 7 Да, во оној ден, секој ќе ги презре своите сребрени и златни ликови што со своите раце ги направија за свој грев. 8 „Асирецот не ќе падне од човечки меч; меч ќе го проголта, но не човечки. Ќе бега од меч, и неговите момчиња ќе плаќаат данок. 9 Исплашен, ќе го остави својот рид, заплашени, кнезовите ќе бегаат од своето знаме” - слово е на Господа, чиј оган е на Сион и чија печка е во Ерусалим.
1 Еве со правда царот царува, кнезовите владеат со правина; 2 секој е како заветрина, прибежиште од невреме, како потоци во сува земја, како сенка во жедна пустина. 3 Очите на видовитите не ќе бидат веќе слепи, ушите на оние кои слушаат ќе слушаат внимателно; 4 срцето на неразумните ќе ја сфаќа мудроста, тепкавите ќе зборуваат брзо и јасно; 5 расипаните веќе не ќе ги викаат благородни; 6 зашто, расипаникот зборува лудости, и неговото срце смислува беззаконие за да направи злодела, за да зборува горделиво за Господа, за да му го остави празен желудникот на гладниот, за да му го скрати пиењето на жедниот. 7 Кај измамникот оружјето е пакосно, тој смислува само сплетки, за да го упропасти бедниот со лаги, па и кога сиромавиот докажува право. 8 На благородниот замислите се благородни и тој стои цврсто во сè што е чесно. 9 Станете, небрежни жени, слушајте го мојот глас; лесноумни ќерки, чујте ја мојата беседа. 10 За една година и неколку дена ќе треперите, лесноумници, зашто ќе нема гроздобер, не ќе се берат плодови. 11 Треперете, вие безгрижни, смутете се, лесноумни, соблечете се, разголете се, опашете вреќиште околу бедрата! 12 Удирајте се по градите заради прекрасните полиња, заради плодните лозја; 13 заради нивите на Мојот народ, што раѓаат трња и трништа; заради сите весели куќи, на разиграниот град. 14 Зашто, дворецот ќе биде напуштен, ќе запустее бучниот град; тврдината и стражарницата ќе станат пештера довека - ќе им бидат радост на дивите ослици, пасиште на стадата, 15 додека не се излее врз вас Духот од висините. Тогаш пустината ќе стане овошник, а овошната градина ќе се претвори во гора. 16 Правото ќе се настани во пустината, а правдата ќе престојува во плодоносното поле. 17 Делото на правдата ќе биде мирот, а плодот на праведноста, покој и надеж засекогаш. 18 Мојот народ ќе живее во мирни населби, во безгрижни одморалишта. 19 И снежен град ќе падне на шумите, градот ќе биде снижен во долините. 20 Блазе ви вам: кои сеете покрај сите води, пуштајќи ги волот и ослето да одат слободно.
1 Тешко ти тебе кој незапустен, запустуваш, кој неограбен, ограбуваш, кога ќе прекратиш, тебе ќе те запустат кога ќе прекратиш да пљачкаш ќе те ограбат. 2 Господи, смилувај ни се, во Тебе се надеваме! Биди наша помош секое утро, наше спасение во секоја неволја. 3 Народите избегаа од силниот татнеж, Ти се дигна, племињата се распрснаа, 4 и се собира плен како што се собираат гасениците, ќе се нафрлат врз него како јато скакулци. 5 Господ е возвишен зашто престолува во висината, Тој го исполнува Сион со правосудство и со правда. 6 Надежен е твојот век: Мудроста и знаењето се спасоносно благо, а Господовиот страв негово богатство. 7 Ете, жителите на Ариел, викаат по улиците, гласници мироносци плачат горчливо. 8 Патеките запустеа, ги снема патниците од патиштата; сојузите се раскинуваат, ги презираат сведоците, нема обѕир кон никого. 9 Земјата гине во жалост, Ливан венее во срам. Сарон е како пустина, Васон и Кармел оголеа. 10 „Сега ќе станам - вели Господ - сега ќе се кренам, сега ќе се возвишам. 11 Зачнавте сено, ќе родите слама здивот ваш е како оган, ќе ве голтне. 12 Народите ќе бидат изгорени во вар, како отсечени трња, што горат во оган. 13 Чујте, вие кои сте далеку, што направив, а вие кои сте близу познајте Ми ја силата!” 14 Грешниците треперат на Сион, трепет ги обзеде безбожниците: „Кој ќе опстане од нас пред уништувачкиот оган, кој ќе опстане од нас пред вечниот пламен?” 15 Оној кој оди во правда и кој зборува право, кој ја презира печалбата од насилство, кој ги тресе рацете за да не прими поткуп, кој ги затнува ушите за да не чуе за крвопролевањата, кој ги затвора очите за да не види зло - 16 тој ќе живее во висините, тврдини врз карпи ќе му бидат прибежишта, ќе има доста леб и водите не ќе му недостасуваат. 17 Твоите очи ќе го гледаат царот во неговата убавина, ќе ја разгледуваат непрегледната земја. 18 Твоето срце ќе мисли во страв: „Каде е оној што броеше, каде е оној што мереше, каде е оној што ги пребројуваше стражарниците?” 19 Не ќе видиш веќе свиреп народ, народ со неразбирлив и со несфатлив говор, туѓ јазик што никој не го разбира. 20 Погледај на Сион, на градот на нашите празници: твоите очи ќе го видат Ерусалим, заштитено престојувалиште, шатор што не се пренесува, чии колчиња никогаш не се вадат, и ниту едно јаже не му се кине. 21 Таму ни е силниот Господ; место на широки реки и потоци; не ќе помине оттаму ниеден брод ни весла, ниту некој воен брод ќе проедри. 22 Зашто Господ е наш Судија, Господ е наш Законодавец, Господ е наш Цар - Тој ќе нè спаси. 23 Јажињата ти попуштија, не можат да го држат јарболот ниту да ги развијат едрата. 24 И ниеден жител нема да рече: „Болен сум!” На народот што живее таму, ќе му се прости беззаконието.
1 Пристапете племиња, за да чуете, внимателно слушајте, народи; чуј, земјо, и сè што ја исполнува, земен кругу и сè што расте во тебе! 2 Зашто Господ се разгневи на сите народи, се разјари на сета нивна војска. Ги отстапи на уништувањето, ги предаде на колеж. 3 Нивните убиени лежат, смрдеж се крева од многуте трупови, крвта потече низ горите, 4 се распадна сета небесна војска. Небесата се свитка како книга, и сета нивна војска паѓа, како што отпаѓа лозовиот лист, како што се тресе смоквиното лисје. 5 „Зашто испијанетиот меч на небото е Мој, ете, тој се нафрла врз Едом, за да го казни народот што го проколнав. 6 Господовиот меч е испијанет од крв, омрсен со мрсно, со крв од јагниња и јариња, со лој од овнешки бубрези. Зашто на Господа Му се принесува жртва во Восор, големо клање во Едомската Земја. 7 Со нив ќе бидат заклани биволите и јунчињата со биволите. Земјата ќе се напои со нивната крв, и нивниот прав ќе се омрси од мрсно.” 8 Зашто за Господа ова е ден на одмазда, година на наплаќање за да го одмазди Сион. 9 Неговите потоци се претворуваат во смола, неговиот прав во сулфур, и неговата земја ќе стане пламната смола. 10 Ни дење ни ноќе не ќе угасне, димот ќе и се дига довека, ќе остане пуста од колено до колено, во веки векови, никој не ќе поминува низ неа. 11 Ежот и чапјата ќе ја заземат, бувот и гавранот ќе престојуваат во неа. Ќе оптегне над неа јаже на запустеност и висулец на испразнување. 12 Не ќе ги има веќе нејзините благородници, таму веќе не ќе бидат прогласувани цареви, сите кнезови ќе и бидат уништени. 13 Ќе никне трње во нејзините дворци, коприва и капина во тврдините, таа ќе биде дувло на чакали, легло на ноеви. 14 Таму ќе се среќаваат дивите мачки со хиените, јарците ќе се повикуваат еден друг; таму ќе се одморува Лилит - ноќно привидение - наоѓајќи почивалиште. 15 Таму ќе се гнезди змија, ќе снесува јајца, ќе лежи на нив, ќе ги извади во твојата сенка; таму ќе слетуваат јастребите еден по друг. 16 Истражувајте во Господовата книга и читајте, ниедно од тоа не изостана, зашто Неговата уста нареди така, и Неговиот Дух нив ги собра. 17 Зашто Тој им фрли жрепка и Неговата рака со јаже им ја измери земјата: тие ќе ја владеат довека, ќе ја населуваат неа од колено до колено.
1 Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот. 2 Нека цвета бујно со цвет, да, нека воскликнува од веселба и нека се радува. & е дадена славата на Ливан, и убавината на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат Господовата Слава, величието на нашиот Бог. 3 Закрепете ги изнемоштените раце, зацврстете ги ослабените колена! 4 Речете им на исплашените срца: „Бидете силни, не бојте се! Еве Го вашиот Бог, одмаздата доаѓа, Божјата плата, Тој Самиот брза да нè спаси!” 5 Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат, 6 тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува. Зашто во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци, 7 изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва - извори. Во дувлата во кои лежеа чакалите, ќе никне рогузина и трска. 8 Таму ќе има друм и пат, а ќе се нарече свет пат; нечистиот не ќе помине по него, но ќе биде за оној, кој оди по тој пат, дури и глупавите не ќе скитаат по него. 9 Таму не ќе има лав, ниту ѕвер ќе поминува таму, туку ќе одат само искупените, 10 ќе се враќаат искупениците Господови. Ќе дојдат во Сион воскликнувајќи од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките.
1 Во четиринаесеттата година на Езекиевото царување асирскиот цар Сенахир ги нападна сите утврдени јудејски градови и ги освои. 2 И асирскиот цар му го испрати од Лахис во Ерусалим при царот Езекија, големиот виноцрпец со силна војска. Тој застана кај водоводот на Горниот Рибник, на патот на Валавичарското Поле. 3 Кон него излегоа управителот на дворецот Елијаким, син Хелкиин, писарот Шевна и советникот Јоах, син Асафов. 4 Големиот пехарник им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака зборува големиот цар, асирскиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш? 5 Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и силаза војна? Во кого се надеваш што се побуни против мене? 6 Ете, се потпираш на Египет, на скршената трска што продрува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа. 7 Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Езекија и Нему Му ги отстрани високите места, жртвениците и им заповеда на Јудејците и на Ерусалим: ‘Поклонувајте се само пред овој жртвеник!’”‘ 8 И така, обложи се со мојот господар, асирскиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив. 9 Како ќе му дадеш отпор тогаш на еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници! 10 Најпосле, зар јас тргнав, без оглед на Божјата волја, тргнав против оваа земја за да ја разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’” 11 Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот виноцрпец: „Те молиме, зборувај им арамејски на своите слуги, зашто ние разбираме; не зборувај со нас на јудејски да не чуе народот што е на ѕидовите.” 12 Но големиот виноцрпец им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го речам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени со вас да ја јадат својата нечистота и да ја пијат својата моч?” 13 Тогаш големиот виноцрпец се исправи и со сиот глас ги извика овие зборови: „Чујте го словото на големиот цар, асирскиот цар! 14 Вака вели царот: ‘Езекија нека не ве залажува, зашто не може да ве избави од мојата рака. 15 Езекија нека не ве охрабрува со надеж во Господа, велејќи: „Господ ќе нè избави без друго: овој град нема да падне во рацете на асирскиот цар.” 16 ‘ Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец, 17 додека не дојдам и не ве одведам во земја што е како вашата, во земја со жито и вино, во земја со леб и лозја. 18 Не оставајте да ве измами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.” Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирскиот цар? 19 Каде се ематските и арфадските богови за да ја избават Самарија од моите раце? 20 Кој меѓу сите богови на тие земји ја избавија својата земја од мојата рака, па Господ да го избави Ерусалим од мојата рака?’” 21 Молчеа, и ни збор не му одговорија, зашто царот беше наредил: „Не одговарајте!” 22 Управителот на дворецот Елијаким, син Хелкиин писарот Сомна и советникот Јоах, син Асафов, дојдоа при Езекија, откако ги раздраа облеките, и му ги соопштија зборовите на големиот пехарник.
1 Откако го слушна тоа, царот Езекија ги скина своите облеки се облече во вреќиште и отиде во Господовиот Дом. 2 Потоа ги испрати Елијакима, управителот на дворецот, царскиот писар Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, при пророкот Исаија, синот Амосов. 3 Тие му рекоа: „Вака вели Езекија: ‘Ова е ден на неволја, казна и хулење: децата стасаа до породување, а нема сила за да се родат. 4 Можеби Господ, твојот Бог, ги чу зборовите на големиот пехарник кого асирскиот цар, неговиот господар, го испрати да Го хули живиот Бог, и можеби Господ твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чу! Подигни глас за молитва за Остатокот што уште остана!’” 5 Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија 6 тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Вака вели Господ: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа слугите на асирскиот цар. 7 Еве, Јас вдахнав во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.”‘“ 8 Големиот пехарник се врати и го најде асирскиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот замина од Лахис. 9 Имено чул дека Тирак, етиопскиот цар, завојувал против него. Тогаш тој повторно испрати пратеници да му кажат на Езекија: 10 „Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те измамува Твојот Бог, во Кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирскиот цар.” 11 Ти знаеш што им направија асирските цареви на сите земји откако ги предадоа на проклетство! А ти ли ќе се спасиш? 12 Дали боговите ги спасија народите кои ги уништија, моите татковци: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденовците, во Теласар? 13 Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на градот Сефарвим, на Ена и Ава?’” 14 Езекија го прими писмото од раката на посланикот и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка таму пред Господа. 15 И Езекија Му се помоли на Господа вака: 16 „Господи над Воинствата, Израелев Боже, Кој седиш меѓу херувимите, Ти си единствениот Бог над сите царства на земјата, Ти ги создаде небото и земјата. 17 Приклони го увото, Господи, и чуј! Отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахировите зборови, што ги испрати за да Го похули живиот Бог. 18 Вистина е, о Господи, дека асирските цареви ги сотреа сите народи и нивните земји; 19 им ги фрлија во оган боговите, зашто не беа богови тоа, туку дела на човечките раце од дрво и затоа ги уништија. 20 А сега, Господи, Боже наш, избави нè од неговата рака, за да сознаат сите царства на земјата дека си Ти, Господи, Единствен Бог!” 21 Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што ми ја упати заради Сенахирим, асирскиот цар. 22 Еве ги зборовите што Господ ги изговори против него: „Те презира, ти се потсмева, девицата Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка. 23 Кого го навредуваше, го хулеше? На кого викаше гласно, креваше горделив поглед? На Израелевиот Светец! 24 Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: ‘Со мноштво коли јас се искачив на врвот на горите, на највисоките врвови на Ливан. Јас му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Достигнав до неговиот највисок врв и до неговата гораста градина. 25 Копав и пиев туѓи води; тогаш со стапалата ги исушив сите египетски реки.’ 26 Слушаш ли добро? Одамна го одредив тоа, го смислував од старини. Сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини; 27 нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите, спалена од источниот ветер. 28 Знам кога се креваш и кога седнуваш, кога излегуваш и кога се враќаш. 29 Зашто беснееше против Мене и бидејќи твојот бес стигна до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узди во устата, ќе те вратам по патот по кој што дојде!”‘ 30 „А ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што самото ќе расцвета, догодина тоа што ќе никне само, а на третата година сејте и жнејте, садете лозја, јадете им го родот. 31 Преживеаните од Јудината куќа ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во височина. 32 Зашто од Ерусалим ќе излезе Остатокот, спасените од Сионската Гора. Сето тоа ќе го направи ревноста на Господа над Војските. 33 Затоа Господ зборува вака за асирскиот цар: ‘Тој нема да влезе во овој град, ваму нема да ги фрла своите стрели, кон него нема ни штит да заврти, ниту ќе копа насипи околу него. 34 Ќе се врати по патот по кој и дојде, нема да влезе во овој град - слово е Господово. 35 Ќе го штитам овој град, ќе го закрилувам, заради Себе и заради Својот слуга Давид.’” 36 Тогаш Господов ангел излезе и погуби во асирскиот логор сто осумдесет и пет илјади луѓе. Наутро, кога требаше да се стане, ете, таму беа сè само мртовци. 37 Сенахирим го крена логорот и си отиде. Се врати во Нинива. 38 Еден ден додека се поклонуваше во храмот на својот бог Нисрок, неговите синови Адрамелех и Сарасар го убија со меч и избегаа во Араратската Земја. На неговото место се зацари неговиот син Есарадон.
1 Во она време Езекија смртно се разболе. Пророкот Исаија, синот Амосов, му дојде и му рече: „Вака вели Господ: ‘Среди ја својата куќа, зашто ќе умреш, не ќе оздравиш.’” 2 Езекија се сврте кон ѕидот и вака Му се помоли на Господа: 3 „Ах Господи, спомни си дека пред Тебе одев верно и со чесно срце, и дека го направив тоа што е добро во Твоите очи.” И Езекија почна да плаче горко. 4 Тогаш Му дојде Господовото слово на Исаија: 5 „Отиди и речи му на Езекија: ‘Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи. Ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом. Ќе му додадам на твојот век петнаесет години. 6 Ќе ве избавам и тебе и овој град од рацете на асирскиот цар. Да, ќе го заштитам овој град!”‘ 7 Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи како што рече: 8 сенката што слегла по степените на Ахазовиот сончаник ќе ја вратам за десет степени назад.” И сонцето се врати за десет степени назад од степените по кои веќе беше слегло. 9 Песна на Езекија, јудејски цар, кога се разболе па оздраве од својата болест: 10 Говорев: „На пладне на своите денови јас треба да заминам. При вратите на Подземјето ми е одредено место за остатокот на моите денови.” 11 Зборував: „Не ќе Го видам веќе Господа во земјата на живите, не ќе видам веќе никого од жителите на овој свет. 12 Моето живеалиште е изместено, фрлено е далеку, како пастирски шатор; како ткајач го намота мојот живот за да ме скинеш од основата. Од утрото до ноќта ќе ме докрајчиш, 13 викам сè до утрото; како лав Тој ги крши моите коски, од утрото до мракот ќе ме докрајчиш. 14 Како ластовичка јас цивкам, барам помош како гулабица, моите очи гледаа кон небото, Господи, во неволја сум, спаси ме. 15 Како ќе Му зборувам и што ќе Му речам? Па Тој е кој дејствува. Ќе одам смирено во текот на сите мои години, иако со горчина во душата. 16 Господи, моето срце ќе живее за Тебе и ќе живее мојот дух. Ти ќе ме излечиш и ќе ми го вратиш животот, 17 болеста ќе ми се претвори во здравје. Ти ја спаси мојата душа од јамата на уништувањето, сите мои гревови ги фрли зад плеќи. 18 Зашто Подземјето не Те слави, смртта не Те фали; оние кои ќе паднат во ровот, не се надеваат повеќе во Твојата верност. 19 Живиот, живиот, единствено тој Те слави, како јас денес. Таткото ќе ги поучува синовите во Твојата верност. 20 Господи, спаси ме, и ние ќе пееме со харфите, во сите денови на својот живот, во Господовиот Дом. 21 Исаија наложи: „Донесете облог од смокви, преврзете го на неговиот чир, и тој ќе оздрави.” 22 Езекија праша: „По кој знак ќе препознам дека ќе влезам во Господовиот Дом?”
1 Во тоа време вавилонскиот цар Меродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека бил разболен и дека оздравел. 2 Езекија се израдува на тоа и им ја покажа на пратениците својата ризница, среброто, златото, пријатните мириси и мирисливите масла - својата оружница и сè што беше во складиштата. Немаше ништо во неговиот дворец и во целото негово господарство што Езекија не им го покажа. 3 Тогаш пророкот Исаија дојде при царот Езекија и го праша: „Што рекоа тие луѓе и од каде дојдоа кај тебе? „Езекија одговори: „Дојдоа од далечна земја, од Вавилон.” 4 Исаија праша понатаму: „Што видоа во твојот дворец?” Езекија одговори: „Видоа сè што е во мојот дворец; нема ништо во моите сокровишта што не им покажав. 5 Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Чуј го словото на Господа над Воинствата: 6 ‘Еве доаѓаат денови кога сè што е во твојот дворец сè што твоите татковци насобраа до денес, ќе биде однесено во Вавилон. Ништо не ќе остане’, вели Господ. 7 ‘А од синовите што ќе произлезат од тебе, кои ќе ти се родат, некои ќе земат за да му бидат скопени дворјани на вавилонскиот цар.’” 8 Езекија му одговори на Исаија: „Добро е словото што Господ ти го објави.” А мислеше: „Барем ќе биде мир и безбедност за време на мојот живот.”
1 „Тешете го, тешете го, Мојот народ,” говори вашиот Бог. 2 „Зборувајте му на срцето на Ерусалим, викајте му, за да му сврши ропството, за да му биде простена вината, зашто од Господовата рака прими двојно за сите свои гревови.” 3 Глас вика: „Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. 4 Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. 5 Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.” 6 Гласот наложува: „Викај!” Одговорив: „Што да викам?” - „Секое тело е како трева, неговата сета убавина е како полски цвет. 7 Тревата се суши, цветот свенува, кога Господовиот здив ќе помине преку нив. Навистина, народот е трева. 8 Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека.” 9 Искачи се на висока гора, гласнику на Добрата вест, Сионе! Поткрени го силно својот глас, гласнику на Добрата вест, Ерусалиме! Издигни го, не бој се, речи им на јудејските градови: „Еве Го вашиот Бог!” 10 Ете, Господ Бог доаѓа со сила, владее со Својата мишка! Еве ја со Него и Неговата плата, а пред Него Неговата награда. 11 Како пастир го пасе Своето стадо, во рацете ги зема јагнињата, ги носи во Својата прегратка, и внимателно ги негува доилките. 12 Кој го измери морето со дланка и кој ги премери небесата со педа? Кој ја измерил со мерка земјата, и планините на мерилки, а бреговите на тежилка? 13 Кој го измерил Господовиот Дух, и кој Му бил советник за да Го поучи? 14 Со кој се посоветува Тој, кој Му дал разум Нему, кој Го научил на патиштата на правдата? Кој Го научи на знаење, кој Му покажа пат кон мудроста? 15 Ете, народите се како капка од ведро, вредат колку прав на мерилката. Островите, ете, треперат во воздухот како ситно делче! 16 Ливан е мал за огнена клада, а неговите ѕверови нема достатно за паленица. 17 Сите народи се како ништо пред Него, за Него се ништо и празнина. 18 Со кого ќе Го уподобите Бога? И со каков лик ќе Го споредите? 19 Леачот лее кип, златарот го позлатува и одлева веришки од сребро. 20 Бедниот за принос бира дрво што не гние и бара вешт уметник за да му направи неподвижен кип. 21 Зар не знаете? Зар не сте чуле? Не ли ви е откриено од старини? Зар не сфативте кој ја основа земјата? 22 Тој престолува над земниот круг, жителите се како скакулците пред Него. Како завеса ги простре небесата, ги оптегна како шатор за живеење. 23 Тој ги обрнува кнезовите во ништо, ги уништува земните судови. 24 Што туку беа засадени, што туку беа посеани, што туку нивното стебленце испружи корен во земјата, Тој дувнува на нив, и тие се осушуваат, виорот ги разнесува како плева. 25 „Со кого ќе Ме изедначите Мене, кој Ми е рамен?” вели Светецот. 26 Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Оној Кој по број ја изведува нивната војска, и Кој ги вика сите по име. 27 Зошто велиш, Јакове, и ти, Израеле, зборуваш: „Мојот пат е скриен за Бога, мојата правда Му избегнува на мојот Бог?” 28 Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, не постанува, и Неговиот ум е неизмерлив. 29 На заморениот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот. 30 Младите се заморуваат и се истоштуваат, изнемоштените момчиња се тетерават. 31 Но на оние кои се надеваат во Господа, силата се обновува, им растат крилја како на орлите, трчаат и не постануваат, одат и не се уморуваат.
1 Молкнете пред Мене острови, народите нека соберат нова сила. Нека се приближат и нека проговорат; да пристапиме заедно на суд. 2 „Кој го крена од исток оној кого Победата го следи во чекор? Кој му ги предава народите и му ги подвластува царевите? Прав се под неговиот меч, неговиот лак ги распрснува како плева. 3 Ги гони, напредува безбедно, неговите нозе не се допираат до патот. 4 Кој го направи и изврши тоа? Оној Кој од почетокот ги повикува поколенијата, Јас, Господ, Кој Сум прв, и ќе бидам Овој ист со последните!” 5 Островите гледаат и страв ги обзема, треперат земните краишта, тие наближуваат и веќе се тука. 6 Секој му помага на својот другар, и на својот брат му вели: „Храбро!” 7 Леарот го насрчува златарот, тој кој кове со чекан го бодри оној кој удира на наковалната. Тој зборува за спојувањето: „Добро е”, и со клинци го зацврстува кипот за да не се помрднува. 8 „Ти, Израелу, слуго Мој, Јакове, кого го избрав, потомок на Авраама, Мојот љубимец! 9 Ти, кого го зедов од краиштата на земјата, и го повикав од нејзините рабови, ти кому реков: ‘Ти си Мој слуга, те избрав и не те отфрлив.’ 10 Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница. 11 Ете, ќе се засрамат и ќе се смутат, сите кои беснееја на тебе, ќе бидат уништени и ќе пропаднат оние кои се спореа со тебе! 12 Ќе ги бараш твоите противници, но не ќе ги најдеш. Ќе бидат уништени, како да не постоеле оние кои војуваат против тебе. 13 Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам.’ 14 Не бој се, Јакове, црвче, Израелу, ларво, Јас Сум твоја помош - говори Господ - Израелевиот Светец е твој искупител. 15 Ете, те правам остра брана со нови, двојни запци; ќе ги вршиш и ќе ги сотреш планините, ќе ги претвориш бреговите во прав. 16 Ќе ги вееш, ветерот ќе ги однесе, виорот ќе ги распрсне. А ти ќе воскликнуваш во Господа, и ќе се фалиш со Израелевиот Светец. 17 Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се осуши од жед. Јас, Господ, ќе ги послушам нив, Јас, Израелевиот Бог, нема да ги оставам. 18 Ќе отворам реки на голите брегови, и извори среде доловите. Ќе ја претворам пустината во езеро, а сувата земја во кладенци. 19 Ќе посадам во пустината: кедар, багрем, мирта и маслинка. Степата ќе ја пошумам со чемпрес, со јавор и со бука заедно. 20 Сите нека видат и нека знаат, нека размислат и нека сфатат: Господовата рака го направи тоа, Израелевиот Светец создаде сè.” 21 „Изнесете го својот спор,” вели Господ, „предочете ги доказите,” вели Израелевиот Цар. 22 „Нека пристапат и нека ни јават она што ќе се збидне. Па зошто ни открија за она што беше, што се исполнило, за да мислиме за тоа? Или известете што ќе биде, за да дознаеме за она што доаѓа? 23 Откријте ни што ќе се случи после и ќе познаеме дека сте богови. Направете нешто, добро или зло, за да се зачудиме и да се исплашиме заедно. 24 Но вие не сте ништо и вашите дела се ништожни, гнасен е кој ќе ве избере. 25 Го кренав од север за да дојде, го повикав по име од исток. Ги газеше кнезовите како кал, како што грнчарот гази по глината. 26 Кој го соопшти тоа од старини да би сме го знаеле, кој прорече од напред да би сме рекле: ‘вистина е?’ Но нема никој кој би го јавил, ниту некој што би го навестил, ниту некој за да ги чуе вашите зборови. 27 Јас прв му реков на Сион: „Ете, еве го”; прв му го испратив на Ерусалим гласникот на Радосната вест. 28 Гледав, ама немаше никој, ниеден од нив за да даде совет, за да ги прашам и да одговорат. 29 Еве, сите заедно се ништо, ништожни се нивните дела, ветер и празнина нивните идоли.
1 „Еве Го Мојот Слуга Кого Го поткрепувам, Мојот Избраник, мил на Мојата душа. Го излеав Својот Дух на Него, за да им донесува право на народите. 2 Тој не вика, Тој не го крева гласот, ниту може да се чуе по улиците. 3 Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда, 4 не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.” 5 Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа. 6 „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата, 7 за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак. 8 Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите. 9 Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.” 10 Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сè што е во него, островите и нивните жители! 11 Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови! 12 Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите! 13 Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател. 14 „Молчев долго, бев тивок, се воздржував; сега викам како жена кога раѓа, збивам и воздивнувам. 15 Ќе ги запустам планините и бреговите, ќе го исушам сето зелено во нив, реките ќе ги претворам во степи и ќе ги исушам езерата. 16 Ќе ги водам слепците по патиштата, ќе ги упатам по патеките. Пред нив ќе ја обрнам темнината во светлина, а нерамната почва во рамна. Тоа ќе го направам и нема да ги оставам. 17 Ќе се вратат назад во голем срам оние што се надеваат на идоли, кои им зборуваат на леаните ликови: ‘Вие сте наши богови.’ 18 Чујте, глуви! Прогледајте, слепи, да видите! 19 Кој е слеп ако не Мојот слуга, кој е глув како гласникот што го испраќам? Кој е слеп како пријателот, кој е глув како Господовиот слуга? 20 Многу виде, но не се грижеше, ушите ти беа отворени, но не чу!” 21 На Господа Му се свиде заради Неговата праведност да го возвеличи и прослави Законот. 22 А овој народ е опљачкан и ограбен, неговите млади ставени се во клади, фрлени во темници. Ги пленуваат, а никој нема да ги избави; ги заробуваат, а никој нема да рече: „Врати ги!” 23 Кој од вас се грижи за тоа? Кој пази и слуша однапред? 24 Кој му го предаде Јакова на ограбувачот и Израел на присвојувачот? Не е ли Господ, против Кого грешевме, по чии патишта не сакавме да одиме, чиј Закон не сакавме да го слушаме? 25 Затоа ги излеа врз Израел Својот жарок гнев и воените стравотии: пламен го опкружи отсекаде, но тој не го сфати тоа; го изгоре, но тој и тоа не го зеде на срце.
1 Сега вака зборува Господ, Кој те создаде, Јакове, Кој те створи, Израеле: „Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој! 2 Кога преминуваш преку вода, со тебе Сум; или преку река, нема да те потопи. Ако тргнеш низ оган, не ќе изгориш, пламенот нема да те опали. 3 Зашто Јас Сум Господ, твојот Бог, Израелев Светец, твој Спасител. Го давам Египет за твоја откупнина, ги давам Етиопија и Сева место тебе. 4 Зашто си скапоцен во Моите очи, ценет си, и Јас те возљубив. Затоа и давам луѓе за тебе, и народи за твојот живот. 5 Не бој се, зашто Јас Сум со тебе. Твоето потомство ќе го доведам од исток и ќе те соберам од запад. 6 Ќе му речам на север: ‘Дај ми го!’ а на југ: ‘Не задржувај го!’ Доведи Ми ги синовите од далеку, а Моите ќерки од крајот на земјата, 7 сите кои се наречуваат со Моето Име, и кои ги создадов за Своја Слава, кои ги створив и ги направив.” 8 Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши. 9 Нека се соберат сите племиња и нека се приберат сите народи. Кој од нив го прорече тоа и го навести одамна? Нека доведат сведоци за да се оправдаат, нека се чуе дека може да се рече: „Вистина е!” 10 „Зашто вие сте Ми сведоци,” слово е Господово, „и Мои слуги кои ги избрав, за да знаете и верувате и да видите дека тоа Сум Јас. Пред Мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене. 11 Јас, Јас Сум Господ, нема Спасител освен Мене. 12 Јас прореков, спасив и навестив, и нема туѓинец меѓу вас! Вие сте Ми сведоци,” слово е Господово, „а Јас Сум Бог, 13 од вечноста - Јас Сум! И никој не избавува од Мојата рака; што ќе направам, кој може да го измени?” 14 Вака говори Господ, вашиот Искупител, Израелевиот Светец: „Заради вас испратив во Вавилон, ќе ги кутнам лостовите на затворите, и Халдејците ќе почнат да лелекаат. 15 Јас Сум Господ, вашиот Светец, Израелевиот Творец, вашиот Цар!” 16 Вака зборува Господ, кој направи пат по морето и патека по силните води; 17 „Кој ги изведе бојните коли и коњаниците, војската и јунаците, и тие паднаа за да не се кренат веќе, згаснаа, се угаснаа како фитил: 18 „Не спомнувајте си за она што се збидна, не мислете за она што помина. 19 Еве, правам нешто ново; веќе се појавува. Зар не забележувате? Да, ќе направам пат во пустината, и патека во безводна земја. 20 Дивите ѕверови ќе Ме слават, шакалите и ноевите, зашто ќе создадам вода во пустината, реки во степата, за да го напојам Мојот народ, Мојот избраник. 21 И народот што го создадов за себе ќе ја возвестува Мојата слава! 22 Но ти, Јакове, не Ме повика, ниту се измори околу Мене, Израеле! 23 Не Ми принесуваше јагниња за паленици, не Ме почитуваше со жртви. А Јас не те принудував за приноси, не ти здодевав барајќи кадеж. 24 Не Ми купуваше трска за сребреници, не Ме ситеше со салото од своите жртви; туку Ме мачеше со своите гревови, Ми здодеваше со своето беззаконие. 25 А Јас, заради Себе ги бришам твоите престапи, и не си спомнувам за твоите гревови. 26 Потсети Ме, за да се спориме заедно, зборувај Ми за да се оправдаш. 27 Прв згреши твојот татко, твоите посредници се одметнаа од Мене, 28 твоите првенци го онечистија Светилиштето. Тогаш ги предадов: Јакова на проклетство, а Израел на потсмев.
1 „Сега чуј, Јакове, Мој слуго, Израеле, кого го избрав. 2 Вака вели Господ, Кој те создаде, Кој те створи во утробата и те помаза: ‘Не бој се, Јакове, Мој слуго, Ешуруне (Израеле), кого го избрав. 3 Зашто ќе излеам вода врз жедна земја, и потоци по сувата почва. Ќе го излеам Својот Дух на твоето семе, и Својот благослов на твоето поколение. 4 Ќе растат како трева покрај извор, како врби покрај води што течат.’ 5 Еден ќе рече: „Јас сум Господов,” друг ќе се наречува со Јакововото име. Третиот ќе си напише на раката: „Господов” и ќе се нарече со Израелевото име. 6 Вака зборува Израелевиот Цар и неговиот Искупител, Господ над Воинствата: ‘Јас Сум првиот и Јас Сум последниот: нема Бог освен Мене. 7 Кој е како Јас? Нека стане и нека зборува, нека навестува и нека Ми изложи! Кој откри, од вечноста, што се случило? Нека ни навести уште што ќе дојде! 8 Не плашете се, не бојте се: нели оддамна ви го навестив тоа и ви го открив? Вие сте Ми сведоци: има ли Бог освен Мене? Има ли Стена? Јас за друга не знам!’” 9 Секој што прави кипови, ништожен е, и неговите скапоцености не се полезни за ништо. Нивните сведоци не гледаат ништо и не знаат ништо, да им бидат за срам. 10 Кој прави бог и лее кип нема полза од тоа? 11 Ете, сите почитувачи на ликовите ќе бидат засрамени, нивните изработувачи повеќе од било кога. Нека се соберат сите и нека се појават: одеднаш ќе се исплашат и ќе се засрамат. 12 Ковачот го изработува врз жив јаглен, го вообликува со чекан, го обработува со силна рака. Гладен е и изнемоштен; не пие вода, се исцрпува. 13 Дрводелецот зема мерка, го оцртува ликот со писалка, го истружува со длето, го заокружува со пергел и го изделкува по углед на човечкиот лик, како убаво човечко обличје, за да стои во куќата. 14 Си насече за себеси кедри, зеде чемпрес или даб што ги одгледуваше за себе среде горските дрва; или посади бор што расте од дожд. 15 На човека му се добри за оган; ги зема да да се огрее; ги пали за да испече леб. Но од нив делка и бог, пред кого паѓа ничкум, прави идол и му се клања. 16 И така, половина од тоа запалува оган, пече месо на жар, јаде печено и се сити: се грее и говори: „Ах, се греам и уживам покрај огнот.” 17 Но од она што ќе остане си прави бог, свој идол, паѓа пред него ничкум и му се клања и моли: „Спаси ме, зашто ти си мој бог.” 18 Не знаат тие и не разбираат: очите им се заслепени, па не гледаат, и срцето, па не сфаќаат. 19 Таквиот не размислува, во него нема ни знаење ни разумност да си рече: „Со половината од ова запалив оган, испеков леб на жарта, го испржив месото што го изедов, па зар од останатото ќе направам гад? Зар ќе му се клањам на дел од дрво?” 20 Тој ја сака пепелта, измаменото срце го заведува. Не ќе го спаси својот живот и никогаш не ќе рече: „Не е ли измама ова во мојата десница?” 21 „Спомни си за тоа, Јакове, и ти, Израеле, зашто си Мој слуга! Јас те создадов, и слуга си Ми, Израеле, не ќе те заборавам! 22 Како магла ги растерав твоите престапи и како облак твоите гревови. Обрати Ми се Мене, зашто Јас те искупив.” 23 Воскликнувајте, небеса, зашто Господ го направи тоа! Запејте, земни длабочини! Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори, со сите свои дрва! Зашто Господ го откупи Јакова, се прослави во Израел! 24 Вака зборува Господ, твојот Искупител и твојот Творец во утробата: „Јас Сум Господ Кој Сум создал сè, Кој ги оптегна Сам небесата, и ја зацврстив земјата без ничија помош. 25 Јас ги осуетувам знаците на вражалецот, и маѓесниците ги претворувам во безумници; ги присилувам мудреците да се повлечат и нивната мудрост ја претворувам во безумие, 26 но го потврдувам словото на Својот слуга, го исполнувам наумот на Своите гласници. Јас му зборувам на Ерусалим: ‘Насели се!’ И на јудејските градови: ‘Изградете се!’ Јас ги издигам од урнатините. 27 Јас му велам на морето: ‘Пресуши! Ти ги пресушувам реките.’ 28 Јас му велам на Кира: ‘Пастиру мој!’ И тој ќе ги исполни сите Мои желби, велејќи му на Ерусалим: „Изгради се!” И на Храмот: „Положи си ги основите!”‘
1 „Господ зборува вака за Кир, за Својот помазаник: ‘Го примив за десница, за да ги покорам пред него народите и да им го распашам бедрото на царевите, за да ги отворам вратите пред него, па ниедна врата да не му биде затворена. 2 Јас ќе одам пред Тебе за да ги израмнам високите места, за да ги разбијам бронзените врати, за да ги скршам железните лостови. 3 Ти давам тајни сокровишта и скриени богатства, за да сознаеш дека Јас Сум Господ, Кој те повикувам по име, Израелевиот Бог. 4 Заради Својот слуга Јаков и Израел, Својот избраник, Јас те повикав по име, те именував иако не Ме знаеше. 5 Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав: 6 нека се знае од исток до запад дека сè вон Мене е ништавило. Јас Сум Господ и нема друг; 7 Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сè тоа.’ 8 Росете, небеса, одозгора, и облаци, дождете со праведност. Нека се раствори земјата за да процвета спасението, за да изникне избавувањето! Јас, Господ, создавам сè. 9 Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови? Дали му вели глината на грнчарот: ‘Што правиш?’ или неговото дело: ‘Нема раце!’ 10 Тешко му на оној кој ќе му рече на таткото: ‘Зошто раѓаш?’ Или на жената: ‘Што си дала на свет?’” 11 Вака зборува Господ, Израелевиот Светец, неговиот Творец: „Зар е ваше да Ме прашувате за Моите деца, и да Ми заповедате за делото на Моите раце? 12 Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа; со Своите раце ги оптегнав небесата и им заповедувам на сите нивни воинства. 13 Јас го издигнав за да победи и му ги израмнив сите патишта. Тој ќе го обнови Мојот град и ќе ги врати Моите заробеници без откуп и надомест.” Така вели Господ над Војските. 14 Господ зборува вака: „Трудот на Египет и трговијата на Етиопија, и Савците, луѓе со висок раст, ќе пребегнат при тебе и ќе бидат твои; ќе идат по тебе оковани, ќе ти се клањаат тебе и ќе ти се молат: ‘Бог е единствено кај тебе, нема друг.’” 15 Навистина Ти си скриен Бог, Израелев Бог, Спасител. 16 Ќе се засрамат и ќе се збунат сите заедно, ќе си отидат засрамени, оние кои прават кипови. 17 А Господ ќе го спаси Израел со вечно спасение. Нема да се засрамите и не ќе се смутите довека. 18 Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата - Тој е Бог - Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: „Јас Сум Господ и нема друг. 19 Не говорев во тајност, во катчето на мрачната земја. Не му реков на Јакововото потомство: ‘Барајте Ме напразно.’ Јас, Господ, зборувам правда ја откривам вистината. 20 Соберете се и дојдете, пристапите заедно, сите преживеани од народот! Вистински неуки се оние што носат кип изработен од дрво и кои молат бог што не може да ги спаси. 21 Објавете, изнесете ги своите докази, советувајте се заедно: Кој го навести тоа од старини и Кој прорече оттогаш? Не Јас ли, Господ? Нема друг Бог освен Мене; праведен Бог и Спасител нема освен Мене. 22 Обратете се кон Мене за да се спасите, сите краишта на земјата, зашто Јас Сум Бог и нема друг! 23 Се колнам Сам во Себе, од Мојата уста излегува вистина, нема да се врати напразно, дека пред Мене ќе се поклони секое колено, со Мене ќе се заколнува секој јазик, 24 говорејќи: ‘Единствено во Господа се победата и силата! Кон Него ќе дојдат, засрамени, сите кои беснееја против Него. 25 Преку Господа ќе победи и ќе се прослави сето Израелево потомство!’”
1 Вил падна! Нево се урна! Ги натоваруваат своите идоли на животните и на добитокот, ги носат како бреме, товар што заморува. 2 Паѓаат, се рушат сите заедно, не можат да ги спасат оние кои ги носат, туку и самите заминуваат во ропство. 3 „Слушај Ме, Јаковов доме, и сите што останавте од Израелевата куќа! Јас ве понесов туку што се родивте и ве носев од мајчиното крило. 4 Јас ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување. Тоа го правев; ќе ве носам и натаму, ќе ви помагам, ќе ве избавувам. 5 Со кого би сте Ме споредиле и изедначиле, со кого би сте Ме споредиле, кому Сум му сличен? 6 Вадат злато од ќесето, и со мерилка мерат сребро, па немаат златар да направи бог од него, па пред него паѓаат ничкум и му се клањаат. 7 Го креваат на рамо и го носат, тогаш го ставаат на неговото место; тој стои и не се помрднува од него. Го повикуваат, тој не одговара, и никого не го спасува од неговата неволја. 8 Спомнете си за тоа и бидете луѓе, земете го тоа на срце, отпадници, 9 спомнете си за минатото: Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен! 10 Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало! Јас велам: ‘Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сè што Ми е по волја.’ 11 Од исток ја повикувам грабливата птица, од далечна земја го повикувам човекот на Својот наум. Реков - ќе исполнам, наумив - ќе извршам. 12 Слушајте Ме, вие кои ја губите смелоста и кои сте далеку од победата. 13 Ја приближувам Својата победа, не е веќе далеку, Моето спасение не ќе се забави. Ќе го ставам спасението на Сион, Својата Слава во Израел.
1 „Снижи се, седни во правот, девице, вавилонска ќерко! Седни на земјата, без престол, халдејска ќерко! Зашто, не ќе те викам веќе нежна и раскошна. 2 Земи рачна мелница и мели брашно! Симни го превезот, подигни ги краиштата на облеката, разголи ги бедрата, премини преку реката! 3 Нека се открие твојата голотија нека се покаже твојата срамота! Јас ќе се одмаздам, никој не ќе Ме спречи.” 4 Нашиот откупител, името Му е Господ над Војските, Израелевиот Светец вели: 5 „Седи молчејќи, повлечи се во темнина, халдејска ќерко. Зашто, нема веќе да те викаат владетелка на царствата. 6 Се разгневив на Својот народ, го запустив Своето наследство. Ти ги предадов тебе во рацете, а ти не им искажа милост. На старците го ставаше своето претешко бреме. 7 Зборуваше: ‘Довека ќе останам господарка.’ Никогаш тоа не го зеде на срце, ниту помисли како ќе заврши. 8 А сега послушај, развратнице, која седиш безгрижно и во своето срце говориш: ‘Јас и никој друг! Никогаш не ќе овдовеам, не ќе ги изгубам децата!’ 9 Двете нешта ќе те стигнат, во миг, во ист ден! Ќе ги изгубиш децата, ќе овдовееш! Со полна мерка ќе те најдат двете нешта покрај сето твое вражање и мноштво на твоите проклетства! 10 Се надеваше во своето зло, зборуваше: ‘Никој не ме гледа!’ Твојата мудрост и знаењето те заведоа. Во своето срце велеше: ‘Јас и никој друг!’ 11 Зло ќе те најде - не ќе го пресретнеш, несреќата ќе се нафрли врз тебе - нема да ја одвратиш; пропаста ќе дојде одненадеж врз тебе, нема да ја предвидиш. 12 И така, запри со своите вражања и со толкуте свои баења, околу кои се трудеше од младоста. Ако можат да ти бидат од полза? Ако можеш со нив да предизвикаш страв? 13 Те изморија твоите многубројни советници! Нека станат само да те спасат оние кои ги премеруваат небесата, кои ги набљудуваат ѕвездите и кои секој месец проречуваат што ќе те снајде. 14 Ете, тие ќе бидат како плева, оган ќе ги изгори. Ни самите себе не ќе се избават од силата на пламенот. Не ќе остане ни жарче, за да се огрее некој, ни огниште, да поседи покрај него! 15 Такви ќе бидат твоите вражалци, со кои се трудеше од младоста! Секој ќе тргне по својот пат, и не ќе има никој да те спаси.
1 „Чујте го ова, Јаковов доме, вие кои се наречувате со Израелевото име и кои излеговте од Јудините води! Вие кои се колнете во Името на Господа и кои го спомнувате Израелевиот Бог, но не со вистина и со правда. 2 Зашто вие се наречувате по Светиот Град и се потпирате на Израелевиот Бог, Господ на Силите Му е Името. 3 Минатите настани ги навестив одамна, излегоа од Мојата уста, и Јас ги објавив, направив брзо, и се збидна. 4 Зашто знаев дека ти си корав, дека вратот ти е железна жила и дека челото ти е бакарно. 5 Затоа веќе тогаш ти навестив, ти јавив пред да се збидне за да не речеш: ‘Мојот кип го направи тоа, мојот делкан лик и одлеаниот идол заповедаа така!’ 6 Го чу и го виде сè тоа, зар не признаваш? А сега ќе ти навестам нешто ново, тајно што уште не го знаеше; 7 во овој миг е создадено, а не одамна, за тоа досега ништо не си чул, за да не речеш: ‘Знаев.’ 8 Не чу за тоа ниту знаеше, ниту твоето уво се отвори порано, зашто знаев дека ќе изневериш и дека те викаат отпадник од мајчината утроба. 9 Заради Своето име го одлагав Својот гнев, заради Својата слава се воздржував да не те уништам. 10 Ете, те исчистив како сребро, те искушав во топилницата на неволјата. 11 Зради Себе правев така, заради Себе! Па зар Моето Име да биде обесветено? Својата слава не му ја давам на друг! 12 Чуј ме, Јакове, Израеле, кого го, повикав: Јас Сум истиот, Јас Сум првиот, Јас Сум и последниот. 13 Мојата рака ја основа земјата, Мојата десница ги оптегна небесата. Само да ги повикам и доаѓаат веднаш. 14 Соберете ги сите и чујте: кој од нив го прорече тоа? Оној кого го љуби Господ ќе ја исполни Мојата волја над Вавилон и над потомството на Халдејците. 15 Јас реков и го повикав, го водев и му помогнав на наумот. 16 Пристапете кон Мене и чујте го ова: Од почеток не ви зборував тајно, и кога се збиднуваше, бев таму. - А сега Господ Господ ме испраќа со Својот Дух.” 17 Вака зборува Господ, твојот Искупител, Израелевиот Светец: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш. 18 О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови! 19 Твоето потомство ќе беше како песок, а породот на твојата утроба како неговите зрнца! Никогаш твоето име не ќе се сотреше, ниту ќе се избришеше пред Мене!” 20 Излезете од Вавилон, бегајте од Халдеја! Воскликнувајќи гласно, кажувајте, проповедајте, разгласете до крајот на земјата! Говорете: „Господ го откупи Својот слуга Јакова!” 21 Не жеднуваа додека ги водеше низ пустината; од стената извлече вода за нив, го расцепи каменот и потече вода. 22 „Нема мир за безбожниците,” вели Господ.
1 „Чујте ме, острови, слушајте внимателно, далечни народи! Господ ме повика од мајчиното крило, уште од утробата на мојата мајка го спомна моето име. 2 Од мојата уста направи остар меч, ме скри во сенката на Својата рака, од мене направи остра стрела, ме засолна во Својот тул. 3 Ми рече: ‘Ти си Мој слуга, Израеле, во кого ќе се прославам!’ 4 А јас реков: ‘Напразно се измачував, за ништо ја напрегнував силата. Сепак, моето право е во Господа, мојата награда е кај мојот Бог.’” 5 „А сега зборува Господ, кој уште од утробата ме направи Свој Слуга, за да му го вратам назад Јакова, за да се собере Израел. Се прославив во Господовите очи, мојот Бог ми беше сила. 6 И ми рече: ‘Премалку е да Ми бидеш слуга, за да ги подигнеш Јакововите племиња и за да го вратиш Израелевиот Остаток, но ќе те поставам за светлина на народите, за да го донесеш Моето спасение до крајот на земјата.’” 7 Вака зборува Господ, Израелевиот Искупител, неговиот Светец, на оној кого го презираат и го отфрлаат народите, на силниот слуга: „Кога ќе видат, ќе се кренат царевите, ќе се фрлат ничкум кнезовите, заради Господа, Кој ја покажа Својата верност, Израелевиот Светец, Кој те избра.” 8 Господ зборува вака: „Во времето на милоста Јас ќе те послушам, во денот на спасението Јас ќе ти помогнам. Те создадов и те поставив за Завет на народот, за да ја востановам земјата, за да го разделам наново запустеното наследство, 9 за да им кажам на заслужените: ‘Излезете!’ а на оние кои се во темнина: ‘Јавете се!’ Тие ќе пасат вдолж на сите патишта и пасиштата ќе им бидат по сите голи височини. 10 Веќе нема да гладуваат и да жеднеат, не ќе ги мачат жегата ни сонцето, зашто ќе ги води Оној, Кој им се смилува, ќе ги доведе при водните извори. 11 Сите Свои планини ќе ги претвори во патишта и сите Мои патишта ќе се издигнат. 12 Ете, едни доаѓаат од далеку, други од север и од запад, а некои од Синимската Земја.” 13 Воскликнувајте, небеса, весели се земјо, подвикнувајте од веселба планини; зашто Господ го теши Својот народ, Тој им е милостив на страдалниците. 14 Сион рече: „Господ ме остави, Господ ме заборави.” 15 Може ли жена да го заборави своето доенче, да не му се смилува на чедото на својата утроба? Па кога некоја и би заборавила, Јас нема да те заборавам тебе. 16 Ете, те врезав во Своите дланки, твоите ѕидови секогаш Ми се пред очите. 17 Твоите обновувачи итаат, твоите разурнувачи и запустувачи си одат од тебе. 18 Обѕрни се околу себе и погледај: сите се собираат и доаѓаат кон тебе. Жив Сум - слово е Господово - со сите нив ќе се облечеш како со накит, и ќе се украсиш со нив како невеста! 19 Да, твоите урнатини, твоите запустености и твојата запустена земја ќе бидат претесни за твоите жители, кога ќе се оддалечат оние што ја уништуваа. 20 Пак ќе ти речат во твоите уши синовите, од кои беше лишена: ‘Претесно ми е ова место, мрдни се за да можам да се сместам.’ 21 И ти ќе се запрашаш во своето срце: ‘Кој ми ги роди сите овие? Бев без деца, неплодна, протерана и отфрлена, па кој ги гледаше? Ете, бев останата сама, а тие каде беа?’” 22 Господ, Господ зборува вака: „Еве, ви давам знак со рака на народите и го кревам Своето знаме пред племињата. Ќе ти ги вратам синовите во прегратка, ќе ти ги носам ќерките на плеќи. 23 Царевите ќе бидат твои хранители, а нивните царици твои доилки. Ќе ти се клањат со лицето до земја, и ќе лижат прав од твоите нозе. И ќе знаат дека Јас Сум Господ: кои се надеваат во Мене, не ќе се засрамат.” 24 Може ли да му биде одземен пленот на јунак? Може ли да му избега заробениот на победникот? 25 Да, Господ зборува вака; „На јунакот ќе му биде одземен пленот, заробениот ќе му избега на победникот! Со оние што се спорат со тебе, Јас ќе се спорам, Јас ќе ги избавам твоите деца; 26 на твоите угнетувачи ќе им го дадам за јадење нивното месо, и ќе се испијанат со својата крв како со ново вино. И секое тело ќе знае дека Јас Сум Господ, твој Спасител, и дека Твојот Откупител е Моќниот Јаковов.”
1 Господ говори вака: „Каде е разводното писмо на вашата мајка, со кое ја отпуштив? Или кој е тој од Моите заемодавци кому ве продадов? Заради своите беззаконија сте пропадени, заради невера е отпуштена вашата мајка. 2 Зошто не најдов никого кога дојдов? Зошто не се одѕва никој кога повикав? Зар ми е раката прекуса за да избавам, или нема сила во Мене за да ослободам? Ете, со Својата закана го пресушувам морето, реките ги претворам во пустина; нивните риби се распаѓаат зашто нема вода, и гинат од жед. 3 Ги облекувам небесата во темнина и им давам вреќиште за покривка!” 4 „Господ Господ ми даде вешт јазик за да знам да ги закрепнувам уморните со зборови. Секое утро Тој ми го буди увото за да го чујам како учениците. 5 Господ Бог ми ги отвори ушите: Не се противев, ниту се повлекував. 6 Им го подметнав грбот на оние кои ме удираа, а образите на оние што ми ја кубеа брадата, и своето лице не го скрив од навредите и од плукањето. 7 Господ Бог ми помогна, затоа не ќе се збунам. Затоа го направив својот образ како кремен, и знам дека нема да се засрамам. 8 Близу е оној Кој ми дава право. Кој ќе се правда со мене? Да излеземе заедно! Кој е мојот противник во парницата? Нека ми се приближи! 9 Ете, Господ Бог ми помага, кој ќе ме осуди? Сите тие ќе се истенчат како облека, молец ќе ги изеде. 10 Кој од вас се бои од Господа, нека го послуша гласот на Неговиот слуга! Кој оди во темнина, без зрак на светлина нека се надева на Господовото име, нека се потпре на својот Бог. 11 Но сите вие палите оган, ја распалувате жарта. Одете во пламенот на својот оган, и во жарта што ја распаливте. Мојата рака ќе ви направи така: ќе лежите во маки.
1 „Послушајте ме, вие кои се стремите кон правдата, кои Го барате Господа; погледајте ја стената од која сте отсечени, и длабоката јама од која сте извадени. 2 Погледајте го својот татко Авраам и Сара, која ве роди! Да, сам беше кога го повикав, но го благословив и го размножив.” 3 Да, Господ се сожали за Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина. Воскликнувања и радост ќе одекнуваат низ неа и благодарници и глас на пофална песна. 4 „Слушај ме внимателно, народе Мој, Послушајте ме народи! Зашто Законот доаѓа од Мене и Моето право за светлина на народите. 5 Брзо ќе стигне Мојата правда, Моето спасение ќе дојде како светлина. Мојата мишка ќе им суди на народите. Мене ме чекаат островите и се надеваат во Мојата мишка. 6 Подигнете ги очите кон небото погледајте долу на земјата. Небесата ќе се расплинат како дим, Земјата ќе остарее како облека, ќе и ги снема жителите како комарци. Но Моето спасение ќе трае довека, и Мојата правда не ќе има крај. 7 Послушајте Ме, вие кои ја познавате правдата, народе, во чие срце е Мојот Закон. Не бојте се од човечките хули, не плашете се од навреди! 8 Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род.” 9 Разбуди се! Разбуди се! Препаши се со сила, Господова мишко! Разбуди се како во старите денови на дамнешните поколенија. Не си ли ти, што го исече Рав и што го прободе змевот? 10 Не си ли ти што го исуши морето, водата на големата бездна, и што направи пат од морските длабочини, за да поминуваат по него искупените? 11 Ќе се вратат оние кои ги ослободи Господ, и со радосни извици ќе дојдат на Сион. Вечна веселба ќе им биде над главите, ќе ги придружуваат: воскликнувања и радост, ќе ги снема тагата и воздивнувањата. 12 „Јас Сум вашиот Утешител. Кој си ти за да се боиш од смртен човек и од човечки син, кој е како трева? 13 Го заборави Господа, својот Создател, Кој ги распростре небесата и Кој ја основа земјата; непрекратно трепериш, секој ден, од гневот на угнетувачот. Како да се приготвува за да се уништи. Но каде е сега гневот на угнетувачот? 14 Скоро ќе биде слободен заробеникот, нема да умре во јама, ниту ќе му недостига леб. 15 Зашто, Јас Сум Господ, твојот Бог, Кој го раздвижувам морето за да му бучат брановите, Името Ми е Господ над Војските. 16 Своите зборови ги ставив во твојата уста, во сенката на Својата рака те скрив кога ги распрострев небесата, кога ја основав земјата и кога му реков на Сион: ‘Ти си Мој народ!’” 17 Разбуди се, разбуди се, стани Ерусалиме! Ти кој ја пиеше од Господовата рака чашата на Неговиот гнев. Ја испи опојната чаша, ја испразни до дното. 18 Од сите синови што ги роди, немаше ниеден за да го води; од сите синови што ги подигна немаше никој за да го придружи. 19 Овие две те погодија - кој те пожали? - разурнувањето и гибелта, гладот и мечот - кој те утеши? 20 Твоите синови лежат изнемоштени по аглите на сите улици, како антилопа во мрежата, полни со Господовиот гнев, со закана на твојот Бог. 21 Затоа, чуј го ова беднику, пијан, но не од вино. 22 Вака зборува Господ, твојот Господ, твојот Бог, бранителот на твојот народ: „Еве, од твојата рака ја земаш опојната чаша, чашата на Својот гнев: не ќе го пиеш веќе. 23 Ќе ја ставам во рацете на твоите угнетувачи, на оние кои ти зборуваа: ‘Наведни се за да поминеме!’ И ти им ги подметнуваше плеќите како почва, како пат за минувачи.”
1 Разбуди се, Разбуди се! Облечи се со сила, Сионе; облечи се во најсјајни алишта, Ерусалиме, свети граде, зашто веќе не ќе се искачуваат кон тебе необрезаните и нечистите. 2 Истреси го правот од себе, стани, заробен Ерусалиме! Симни го оковот од својот врат, заробена Сионска Ќерко. 3 Да, вака зборува Господ: „Бевте продадени за ништо и ќе бидете откупени без сребреници.” 4 Да, вака зборува Господ: „Мојот народ слезе некогаш во Египет за да се насели таму како странец, потоа Асирците го угнетуваа без причина. 5 Но сега, зошто Сум Јас тука - слово е Господово - кога Мојот народ беше поробен без причина, а неговите господари ликуваат - слово е Господово - и непрекратно секојдневно се хули Моето име. 6 Затоа мојот народ ќе го запознае Моето име, и ќе сфати, во оној ден, дека Сум Јас Кој говорам: ‘Еве Ме!’” 7 Колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение, говорејќи му на Сион: „Твојот Бог царува!” 8 Чуј, твоите стражари го издигаат гласот, сите заедно воскликнуваат од радост, зашто гледаат со своите очи како Господ се враќа на Сион. 9 Ликувајте, воскликнувајте, ерусалимски урнатини, зашто Господ го утеши Својот народ и го искупи Ерусалим. 10 Господ ја оголи Својата света мишка пред очите на сите народи, за да го видат сите краишта на земјата Спасението на нашиот Бог. 11 Одете си, одете си, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Одете си од неговата средина! Очистете се, вие кои ги носите Господовите садови. 12 Зашто нема да излезете набрзина, ниту ќе одите бегајќи, зашто Господ ќе ви биде претходница, а Израелевиот Бог задна стража! 13 Ете, Мојот Слуга ќе успее, ќе се издигне, ќе се возвиши и ќе се прослави 14 Како што мнозина испаднаа во ужас кога го видоа, толку му беше лицето нечовечки, обезличено, па со Својот лик веќе не личеше на човек. - 15 И така Тој ќе восхити многу народи и царевите ќе стиснат уста пред Него, гледајќи го она за кое што никој не им зборувал, сфаќајќи го она за што никогаш не чуле:
1 „Кој да му поверува на она што ни е објавено, кому му се откри Господовата рака?” 2 Израсте пред Него како нежно стебло, како корен од сува земја. Немаше на Него ни убавина ни блесок за да би сме се загледале во Него, ни милозливост за да би ни се допаднал. 3 Беше презрен, отфрлен од луѓето, човек на болката, свикнат на страдањата, од Кого секој го отстранува лицето, беше презрен, и за ништо го сметавме. 4 А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие и Го понижува. 5 За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме. 6 Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат. А Господ ги возложи на Него беззаконијата на сите нас. 7 Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста. 8 Со сила и со суд се ослободија од Него, и кој ќе го искаже Неговиот род? Да, од земјата на живите го отстранија Него, за гревовите на Неговиот народ, го ранија на смрт. 9 Му го одредија погребението меѓу злочинците, а Неговиот гроб беше при богатите, иако не направи неправда, ниту пак устата Му изусти лага. 10 Но на Господа му беше угодно да Го порази, и Тој Го предаде Него на мачење; кога го жртвува Својот живот како принос за грев, ќе види потомство, ќе ги продолжи своите денови, и Господовата волја ќе се исполни преку Него. 11 Заради страдањата на Својата душа ќе види светлина и ќе се насити со нејзиното сознавање. Мојот праведен Слуга ќе оправда мнозина и нивната вина ќе ја земе на Себе. 12 Затоа ќе Му дадам мноштво во наследство, и со силните ќе го дели пленот, зашто Сам се понуди на смрт и беше вброен меѓу злосторниците, за да ги понесе гревовите на мнозина на Себе и за да се заземе за злочинците.
1 „Воскликнувај неротко, која не си раѓала; подвикнувај од радост, ти што не знаеш за породилните болки! Зашто осамената има повеќе деца отколку омажената,” вели Господ. 2 „Рашири го просторот на својот шатор распростри го, не штеди го платното на своето живеалиште, продолжи му ги јажињата, зацврсти ги колчињата, 3 зашто ќе се прошириш десно и лево. Твоето потомство ќе завладее над народите, и ќе ги насели запустените градови. 4 Не бој се, нема да се посрамиш, не срами се, не ќе црвенееш. Ќе го заборавиш срамот на својата младост и веќе нема да си спомнуваш за подбивот на своето вдовство. 5 Зашто сопруг ти е твојот Творец, името Му е Господ над Воинствата, твој Искупител е Израелевиот Светец, Тој се вика Бог на целата земја. 6 Да, како оставена жена, натажена во душата, Господ те повика. Не смее да се отпушти жената на својата младост,” говори твојот Бог. 7 „Те оставив тебе за краток миг, но пак ќе те прегрнам со голема милост. 8 При изблик на гнев, за миг го скрив Своето лице од тебе, но ти се смилував со вечна љубов, зборува Господ твојот Искупител. 9 Ќе ми биде како за време на Ноевите денови, кога се заколнав дека Ноевите води нема да ја преплават веќе земјата; така се заколнувам дека веќе нема да се срдам на тебе ниту ќе ти се заканувам. 10 Нека се раздвижат планините и нека се потресат бреговите, но Мојата љубов нема да се повлече од тебе, ниту ќе се расколеба Мојот Завет на мирот,” вели Господ Кој ти се смилува. 11 „О неволнице, виорена од виор, неутешлива, ете, ќе ги поставам врз смарагд твоите камења и врз сапфир твоите основи. 12 Ќе ги направам од рубин твоите стражарници, твојата врата од проѕирен бесценет камен, твоите огради од скапоцен камен. 13 Сите Господови синови ќе ти бидат ученици, и голема ќе биде среќата на твоите деца. 14 Ќе бидеш основана на правда. Отфрли ја тешкотијата, нема од што да се боиш, отфрли го стравот, зашто нема да ти се доближи. 15 Ако те нападне, нема да дојде од Мене; кој ќе се дигне против тебе, заради тебе ќе падне. 16 Ете, Јас го создадов ковачот кој ја разгорува жарта и вади од неа орудие за да го кове. Но го создадов и уништувачот за да уништува. 17 Не ќе успее оружјето исковано против тебе. Ќе докажеш дека е зол секој јазик што ќе се подигне против тебе на суд. Тоа е наследство на Господовите слуги, тоа им е победа од Мене” - слово е Господово.
1 „О сите вие, кои сте жедни, дојдете при водите; ако и немате сребреници, дојдете, купете и јадете. Да, дојдете, купете вино и млеко, без сребреници и без плаќање! 2 Зошто да ги трошите сребрениците за она што не е леб, и својата надница за она што не сити? Послушајте Ме Мене, и ќе јадете добро, и ќе уживате во сочни јадења. 3 Приклонете го увото и дојдете при Мене, послушајте Ме, и душата ќе ви живее. Ќе склучам со вас вечен Завет, Завет на милости, ветени на Давида. 4 Еве, те направив сведок на племињата, кнез и заповедник на народите. 5 Еве, ќе повикаш народ кого не го познаваш, и народ што не те знае ќе дотрча при тебе заради Господа, твојот Бог, и заради Израелевиот Светец, зашто Тој те прослави.” 6 Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу! 7 Безбожникот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето. 8 „Зашто вашите мисли не се Мои мисли, и Моите патишта не се ваши патишта,” слово е Господово. 9 „Небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта, и Моите мисли над вашите мисли. 10 Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење, 11 така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив. 12 Да, ќе отидете со радост, и ќе бидете водени со мир. Горите и брдата ќе воскликнуваат од радост пред вас, и сите дрва во полето ќе плескаат. 13 Место трње ќе растат чемпреси, место копривата ќе никнува мирта. И тоа ќе биде за славата на Господа, како вечен, непоминлив, знак.”
1 Господ зборува вака: „Пазете го правосудството и вршете ја правдата, зашто наскоро ќе дојде Моето спасение и ќе се објави Мојата правда. 2 Блазе му на човекот кој прави така и на синот човечки што се придржува за тоа: кој ја почитува саботата за да не ја онечисти и кој ги чува своите раце од секое зло дело.” 3 Нека синот на туѓинецот, кој се прилепил кон Господа, не зборува: „Господ ќе ме одвои сосем од својот народ.” Нека скопениот не зборува: „Еве, јас сум суво дрво.” 4 Зашто вака зборува Господ: „Со скопените што ги пазат саботите, кои избираат што Ми е мило Мене, и остануваат постојани во Мојот Завет 5 ќе издигнам во Мојата куќа и меѓу Моите ѕидови споменик и име, подобро отколку на синовите и ќерките, ќе им дадам вечно име што не ќе биде истребено. 6 А туѓинските синови, кои се определија за Господа за да Му служат и за да го љубат Господовото Име и за да Му бидат слуги, кои ја почитуваат саботата и не ја онечистуваат и кои се постојани во Мојот Завет, 7 нив ќе ги доведам на Мојата Света Гора и ќе ги развеселам во Мојот Молитвен Дом. Нивните паленици и жртви ќе бидат угодни на Мојот жртвеник, зашто Мојот Дом ќе се нарече Дом на Молитва на сите народи.” 8 Говори Господ Бог, Кој ги собира распрснатите Израелци: „Ќе ги соберам уште покрај оние што веќе се собрани.” 9 Сите полски ѕверови, дојдете да јадете, и вие сите, горски ѕверови! 10 Сите стражари му се слепи, и ништо не сфаќаат. Сите се тие неми пси, не можат да лаат. Сонуваат и дремат, најмило им е да спијат. 11 Тоа се лакоми, ненаситни, кучиња; тоа се пастири без разум: секој се свртува по својот пат, секој по својата печалба. 12 „Дојдете”, велат, „ќе донесам вино; ќе се напиеме жесток пијалак, и утре ќе биде како денес, големо изобилство, преголемо!”
1 Праведникот загинува и никој не го зема тоа при срце. Ги отстрануваат побожните луѓе и никој не сфаќа. Да, заради злото отстранет е праведникот 2 за да би влегол во мир. Секој што оди по прав пат се одморува на своето легло. 3 „Пристапете сега, синови на вражалката, блудничко и прељубничко легло! 4 Со кого се потсмевате, против кого ја отворате устата широко и кому му го плазите јазикот? Не сте ли вие чеда на престап и рожба на лагата? 5 Вие, кои се распалувате меѓу дабовите, под секое зелено дрво, жртвувајќи деца во долините и во расцепнатините на стените! 6 Твојот дел е меѓу поточните каменчиња, тие, тие се твое наследство. Ним им ја излеваш налевницата, ним им принесуваш дарови! Зар да се утешам Јас со тоа? 7 На висока издигната планина си го поставила своето легло, и си се искачила онаму за да принесуваш жртва. 8 Зад вратите и зад довратниците си го поставила својот спомен; далеку од Мене го откриваш своето легло, се искачуваш на него и го шириш. Си се договарала со оние со кои сакаше да лежиш, сè повеќе блудничеше со нив, гледајќи го местото. 9 Со масло трчаш по царот, со многу мирисливи масти, далеку ги испрати своите гласници, се понижи до Подземјето. 10 Исцрпена си од толкави скитања, но не рече: ‘Безнадежно е!’ Наново ја најде својата сила, па не си папсала. 11 Кога си се уплашила и боела зошто си изневерила, дека Мене веќе не си Ме спомнувала, ниту си Ме чувала во срцето? Молчев, ги затворав очите, затоа не се боеше од Мене. 12 Но ќе објавам за твојата правда и твоите дела не ќе ти ползуваат. 13 Кога ќе почнеш да викаш, нека те избават киповите што си ги собрала, сите ќе ги разнесе ветерот, виорот ќе ги оддува. А кој се надева во Мене, ќе ја наследи земјата и ќе ја добие Мојата Света Гора.” 14 Ќе се зборува: „Насипете, насипете, израмнете го патот! Отстранете ги пречките од патот на Мојот народ!” 15 Зашто вака зборува Вишниот и Возвишениот, Кој вечно живее, и Името Му е Светиот: „Престолувам во високо и свето место, но Јас Сум и со угнетуваните и со понижуваните, за да го оживеам духот на смирените, за да го оживеам срцето на скрушените. 16 Зашто нема да се препирам довека, ниту да се лутам вечно: пред Мене би подлегнале духот и душите што Сум ги создал. 17 Заради гревот на неговата лакомост се разгневив, го удрив и се скрив разгневен. Но тој сврти по своето срце 18 и ги видов неговите патишта. Ќе го излечам, ќе го водам и ќе ги утешам оние што тагуваат со него - 19 ќе ставам пофалба во нивните усни. Мир, мир на оној кој е далеку и кој е близу,” зборува Господ, „Јас ќе те излечам.” 20 Но безбожниците се како разбранувано море, што не може да се смири, неговите бранови исфрлаат тиња и кал. 21 „Нема мир за грешниците!” Зборува мојот Бог.
1 „Викај од сето грло, не воздржувај се! Издигни го својот глас како рог. Објави му ги на Мојот народ неговите злостори, на Јакововиот дом неговите гревови. 2 Ден по ден, тие Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ кој ја извршува правдата и не го заборава правото на својот Бог. Од Мене бараат праведни судови и копнеат за да им се приближи Бог: 3 ‘Зошто постиме ако Ти не гледаш, зошто се смируваме ако Ти не знаеш?’ Ете, во денот кога постите наоѓате работа и на работа ги терате своите работници. 4 Ете, вие постите за да се препирате и за да се карате и за да ги биете бедните со тупаницата. Не постете веќе како денес, и ќе ви се чуе гласот во висината! 5 Зар Мене Ми е по волја таков пост во денот кога човекот се измачува? Да се наведнува главата кон земјата како трска, да се постила под себе вреќиште и пепел, сакаш ли тоа да го наречеш пост и ден угоден на Господа? 6 Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови; 7 Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв. 8 Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница. 9 Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа, 10 ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне. 11 Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува. 12 И ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатините и обновител на патиштата до населбите. 13 Ако ја воздржиш ногата за да не ја изгазиш саботата, и да не вршиш работи во светиот ден; наречеш ли ја саботата милина и чесен денот посветен на Господа; почитуваш ли го откажувајќи се од пат, од занимање со работа и од празни зборувања - 14 тогаш ќе ја најдеш својата радост во Господа, и Јас ќе те изведам по земните височини, ќе ти дадам да уживаш во наследството на твојот татко Јаков, зашто Господовата уста зборуваше.”
1 Не, не е прекратка Господовата рака за да спаси, ниту увото Му заглувна за да не чуе, 2 туку вашите беззаконија создадоа разделба, меѓу вас и вашиот Бог. Вашите гревови го сокрија Неговото лице, и Тој веќе не ве слуша. 3 Зашто вашите раце се облеани со крв, а вашите прсти во злостори. усните ви изговараат лага, а јазикот произнесува неправда. 4 Никој не подига глас за правда, ниту некој се застапува за вистина. Се надеваат во ништожество, кажуваат лага, зачнуваат злоба, а раѓаат беззаконие. 5 Лежат врз змијски јајца, ткаат пајакова мрежа; ако го изеде некој нивното јајце, умира, ако го скрши, од него излегува лутица. 6 Не е можно да се облече нивното ткаење; не можеш да се покриеш со нивната ракотворба. Нивните ракотворби се злосторнички дела, прават насилство со своите раце. 7 Нивните нозе итаат кон злото, и се брзи за да пролеат невина крв. Мислите им се злосторнички мисли, опустувања и пропаст се на нивните патишта. 8 Тие не го познаваат патот на мирот, нема правда на нивните патеки. Ги искривија своите патишта, кој тргнува по нив, не го познава мирот. 9 Затоа правото се оддалечи од нас, затоа правдата не достига до нас. & се надевавме на светлината, а тоа темнина; и на виделото, а тоа одиме во мрак. 10 Пипаме како слепци вдолж по ѕидот, тапкаме како без очи. Се сопнуваме на пладне како во примрак, сосем здрави, како да сме мртви. 11 Сите ‘ржиме како мечки, и стенкаме тажно како гулаби. Го чекавме судот, а него го нема, и спасението - далеку е од нас. 12 Зашто се многу нашите престапи пред Тебе, и нашите гревови сведочат против нас. Навистина, нашите престапи се пред нас, ние ја знаеме нашата вина; 13 се побунивме и Го одрековме Господа, се одметнавме од својот Бог, зборувавме подмолно, одметнички, мрморевме лажливи зборови во срцето. 14 Така е истиснато правосудството, и правдата стои далеку. Зашто вистината се сопна на раскрсниците, и нема веќе пристап кон чесноста. 15 Вистината исчезна, а кој се отстранува од злото, ќе биде пленет. Господ гледа, и не Му е мило зашто нема правда. 16 Виде дека нема човек, се зачуди дека нема посредник. Тогаш Му помогна Неговата мишка и Неговата правда Го потпре. 17 Ја облече праведноста како оклоп, го стави на главата шлемот на спасението. Со одмаздата се облече како со облека, со ревноста се наметна како со наметка. 18 Ќе му врати секому според неговите дела: Својот гнев на противниците, одмазда на непријателите. 19 Од запад ќе се исплашат од Господовото Име и Неговата Слава од сончевиот исток. Зашто ќе дојде како пороен поток, тласкан од Господовиот здив. 20 Но ќе му дојде Искупител на Сион, и на оние од Јакововите синови кои ќе се обратат од своето отпадништво,” слово е Господово. 21 „А ова е Мојот Завет со нив,” говори Господ. „Мојот Дух кој е на тебе и Моите зборови што ги ставам во твојата уста, не ќе излезат од твојата уста ни од устата на твоето потомство, ни од устата на потомството на твоите потомци, од сега па довека,” вели Господ.
1 Стани, засвети, зашто твојата светлина доаѓа, над тебе блеска Господовата Слава, 2 а еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите! А тебе те осветлува Господ, и Неговата Слава се јавува над тебе. 3 Народите чекорат кон твојата светлина, и царевите кон исток на твојот сјај. 4 „Подигни ги очите, обѕрни се: сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Твоите синови доаѓаат од далеку, ти ги носат ќерките во прегратки. 5 Тогаш ќе гледаш и ќе блескаш од радост, срцето ќе ти игра и ќе се шири, зашто кон тебе ќе затече богатството на морето, богатството на народите ќе дојде кон тебе. 6 Мноштво камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадијам и Ефа. Сите ќе дојдат од Сава, донесувајќи злато и темјан и ќе ја навестат Господовата Слава. 7 Сите кидарски стада ќе се соберат во тебе, наваотските овнови ќе ти бидат за служба. Ќе се искачуваат, како угодна жртва, на Мојот жртвеник, ќе го прославам Домот на Мојата Слава! 8 Кои се оние што треперат во воздухот како облаци, како гулаби на своите прозорци? 9 Да, Мене Ме чекаат островите, а тарсиските кораби се пред нив, за да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог, заради Израелевиот Светец, Кој те прослави. 10 Странци ќе ги обноват твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат. Јас те удрив во Својот гнев, но пак ти се смилував со Својата наклоност. 11 Твојата врата ќе биде отворена секогаш, не ќе се затвора ни дење ни ноќе, за да ги пропушти кон тебе богатствата на народите, со царевите кои ги водат. 12 Зашто ќе пропаднат народот и царството што не ќе сака да ти служи, и тие народи ќе се сотрат сосем. 13 Славата на Ливан ќе дојде при тебе, чемпресите, јаворите и брезите заедно, за да го украсат просторот на Моето Светилиште, ќе го прослават Моето подножје! 14 При тебе ќе доаѓаат, наведнати синовите на твоите угнетувачи, ќе ти паѓаат пред нозе кои те презираа. Ќе те наречуваат Господов Град, Сион на Израелевиот Светец. 15 Затоа што беше оставен, замразен, одбегнуван, ќе те направам вечно возвишен, радост од поколение до поколение. 16 Ти ќе се ситиш со млекото на народите, ти ќе се доиш од градите на царевите. И ќе знаеш дека Сум Јас, Господ, твој Спасител, Јакововиот Силен, твој Искупител. 17 Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен, железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел. 18 Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје. Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение, својата врата - Слава. 19 Сонцето веќе не ќе ти биде светлина дење, туку Господ ќе биде твоја вечна светлина, и твојот Бог ќе биде твој сјај. 20 Твоето сонце нема веќе да заоѓа, ниту месечината ќе ти се затемни, зашто Господ ќе биде твое вечно видело и ќе се свршат деновите на твојата жалост. 21 Сите во твојот народ ќе бидат праведници, и ќе ја наследат земјата довека, подниците на Мојот расад, делото на Моите раце, за да се прославам во нив. 22 Од најмалиот ќе останат илјада, од слабиот силен народ, Јас, Господ, зборував, ќе го извршам тоа во право време.”
1 „Духот на Господа Бога е на Мене, зашто Господ Ме помаза, Ме испрати да им донесам Радосна Вест на бедните, да ги излечам скршените срца; да им проповедам слобода на заробениците и ослободување на оние во темница; 2 да ја навестам годината на Господовата милост и денот на одмаздата на нашиот Бог; 3 да ги развеселам натажените на Сион и да им дадам венец место пепел, масло на радост место облека на жалост, песна благодарница место очаен дух. И ќе ги викаат Дрвја на Правдата, Господов Расад - за Негова слава. 4 Тие повторно ќе ги кренат старите урнатини, ќе ги подигнат пак запустените места, урнатините и минатите поколенија.” 5 Туѓинците ќе дојдат за да ги пасат стадата, странци ќе ви бидат земјоделци и лозари. 6 А вас ќе ве викаат: „Господови Свештеници,” ќе ве наречуваат: „Служители на нашиот Бог.” Ќе ги уживате богатствата на народите, ќе се гордеете со нивните блага. 7 Двоен беше нивниот срам - ругањето и презирот им беа наследство - затоа ќе наследат двојно во својата земја, нивната радост ќе биде вечна. 8 „Зашто Јас, Господ, ја љубам правдата, а го мразам неправедниот грабеж. Ќе ги наградам верно и ќе склучам со нив вечен Завет. 9 Славно ќе им биде семето меѓу племињата и потомството меѓу народите. Секој кој ќе ги види, ќе препознае дека се семе што Господ го благослови.” 10 Со голема радост се радувам во Господа, мојата душа воскликнува кон мојот Бог, зашто ме облече со облека на спасението, ме наметна со плаштот на праведноста, како младоженец кога ќе си стави венец или невеста кога ќе се украси со накит. 11 Како што земјата ги никнува своите растенија, како што во градината никнува семето, Господ ќе направи да никне правдата и пофалбата пред сите народи.
1 За љубов на Сион не ќе молчам, заради Ерусалим не ќе мирувам, додека неговата правда не засвети како светлина, додека неговото спасение не пламне како светилник. 2 И народите ќе ја видат твојата праведност, и твојата слава - сите цареви; ќе те наречат со ново име, што ќе го одреди Господовата уста. 3 Ќе бидеш прекрасен венец во Господовата рака, и царски венец на дланката на својот Бог. 4 Не ќе те наречуваат веќе Оставена, ни твојата земја Запустена, туку ќе те викаат Моја Милина, а твојата земја -Венчана, зашто ти си Господова милозливост, и твојата земја ќе има сопруг. 5 Како што младецот се жени со девица, така синовите ќе се оженат за тебе, и како што младоженецот и се радува на невестата, твојот Бог ќе ти се радува тебе. 6 Ерусалиме, на твоите ѕидови поставив стражари: ни дење ни ноќе не смеат да замолчат. О вие кои Го споменувате Господа, нема почивка за вас! 7 И не му давајте мир додека не го обнови Ерусалим, додека пак не го направи славен на земјата. 8 Господ се заколна во десницата и во својата силна мишка: „Нема веќе да го дадам твоето жито за храна на непријателите. Нема веќе туѓинците да го пијат твоето вино за кое се трудеше. 9 Нека го јадат оние што го жниеја, и нека Го фалат Господа, нека го пијат, оние што го береа, во дворот на Моето Светилиште!” 10 Поминете, поминете низ вратата, израмнете му го патот на народот. Насипете го, насипете го патот, отстранете ги камењата од него, подигнете им знаме на народите! 11 Еве, Господ прогласува: до крајот на земјата: „Речете и на Сионската Ќерка: ‘Еве, твојот Спасител доаѓа. Еве, со Него Неговата плата, и Неговата награда пред Него!’” 12 Тие ќе се наречуваат „Свет народ”, „Господови искупеници.” А тебе ќе те викаат: „Бараниот” - „Неоставениот Град.”
1 Кој е тој што доаѓа од Едом, од Восор, во црвени облеки? Кој е тој што, величествено облечен, чекори полн со сила? „Јас Сум, Кој зборувам правда, Силен кога спасувам! 2 Зошто е црвена твојата облека, и рувото како кај оној кој гази во кацата? 3 - Самиот газев во кацата, од народите никој не беше. Ги изгазив во Својот гнев и ги згмечив во Својата јарост. Нивната крв Ми ја испрска облеката, го извалкав сето Свое руво. 4 Зашто денот на одмаздата Ми беше во срцето, дојде годината на Моето искупување. 5 Се обѕрнав, но немаше помошник! Се зачудив, но немаше поткрепа. Тогаш Ми помогна Мојата мишка, и Мојата лутина Ме поткрепи. 6 Ги сотрев народите во Својот гнев, сите ги изгазив во јарост, и земјата ја натопив со нивната крв!” 7 Ќе ја славам Господовата љубов, Неговите славни дела - за сè што им стори Господ, за големата добрина кон Израелевиот дом, што ни ја искажа во Својата сомилост, во изобилството на Својата љубов. 8 Рече: „Доста, тие се Мој народ, синови, кои не ќе изеневерат!” И Тој им стана Спасител. 9 Во сите нивни тешкотии Тој ги сожалуваше, и Ангел на Неговата присутност ги избавуваше; поради Својата љубов и сомилост, Самиот ги откупи, ги дигна и ги носеше во сите дни на древноста. 10 Но тие се одметнаа, го жалостеа Неговиот Свет Дух. Затоа им стана непријател и Самиот завојува против нив. 11 Тогаш си спомнаа за древните денови и за Неговиот слуга Мојсеј: „Каде е Оној, Кој го извади од водата пастирот на Своето стадо? Каде е Оној, Кој Го вдахна во него Својот Свет Дух? 12 Кој ја водеше величествено Мојсеевата десница со Својата мишка, Кој ја раздели водата пред нив и Си придоби вечно Име; 13 Кој ги преведе по дното на бездната, како коњ низ пустината и не се сопнуваа?” 14 Како добиток што слегува во долината, Господовиот Дух ги водеше кон одморалиштето. Така Ти го водеше Својот народ и Си придоби вечно Име. 15 Погледај од небесата и види од Своето свето и славно живеалиште. Каде е Твојата ревност и сила? Зар престанаа наклонетоста на Твоето срце и Твојата милост кон мене? Ах, не воздржувај го Твоето сочувство, 16 зашто си наш Татко! Авраам не нè познава и Израел не нè признава за свои; Господи, Ти си наш Татко, наш Искупител - Името Ти е од секогаш. 17 Зошто, о Господи, зошто нè оставаш да скитаме далеку од Твоите патишта, зошто ни даде да ни затврднат срцата за да не се боиме повеќе од Тебе? Врати се, заради Своите слуги и заради племињата што се Твое наследство! 18 Зошто безбожниците го газат Твоето Светилиште, а нашите непријатели ја валкаат Твојата светост? 19 Одамна станавме како оние, со кои веќе не владееше и кои веќе не го носат Твоето Име.
1 О, да ги раскинеш небесата и да слезеш, за да им го јавиш Своето Име на непријателите: ридовите би се треселе пред Твоето лице, народите би трепереле пред Тебе, 2 како кога огнот ќе ги запали сувите гранки и прави да зоврие водата! 3 Правејќи стравотии, нечекани дела, слегуваше, и брдата се тресеа пред Тебе! 4 Не се чу одвека, ниедно уво не чу, ниедно око не виде, да им направи некој бог, освен Тебе, такво нешто на оние кои се надеваат во Него. 5 Им помагаш на оние кои радосно ја вршат правдата и си спомнуваат за Тебе на Твоите патишта; Те разгневивме, згрешивме, се одметнавме од Тебе. 6 Така сите станавме нечисти, а сета наша правда како извалкани облеки. Сите ние отпаднавме како лисја и нашите беззаконија нè однесуваат како ветер. 7 Нема никој да го повика Твоето Име, да се разбуди и да се потпре на Тебе. Зашто го скри Своето лице од нас и нè предаде во рацете на нашите злостори. 8 Па сепак, наш Татко си, о Господи: ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар - сите ние сме дело на Твоите раце. 9 Не гневи се, Господи, многу жестоко, не спомнувај си непрекратно за нашата кривица. Де погледај - па сите ние сме Твој народ! 10 Запустија Твоите свети градови, Сион стана пустина, и Ерусалим запустеност. 11 Домот, нашата светина и нашата слава, во кој Те славеа нашите татковци, изгоре во оган, и сите скапоцености ни се ограбени. 12 Зар на сè тоа ќе се воздржуваш, Господи, зар ќе молчиш и ќе нè натажуваш премногу?
1 „Ме побараа, кои не прашуваа за Мене, Ме најдоа, кои не Ме бараа; му реков: ‘Еве Ме! Еве Ме!’ на народ, кој не го повикуваше Моето Име. 2 Секогаш ги испружував рацете кон бунтовничкиот народ, кој оди по лош пат, по своите мисли, 3 на народ што непрекратно Ме расрдува во лице: жртвуваат по градините, кадат на плитарите, 4 живеат по гробовите и ноќе, на скришни места, јадат свинско, ставаат во садовите нечисти јадења. 5 И уште зборуваат: ‘Отстрани се! Не ми се приближувај за да не те посветам.’ Тие Ми се дим во носот, оган што гори постојано. 6 Еве, сè е напишано пред Мене: не ќе молкнам додека не им платам, додека не им платам во пазувите, 7 за беззаконијата ваши и на вашите татковци, на сите заедно - зборува Господ. Кои принесуваа кадење на горите и Ме хулеа на брежињата - ќе им измерам во крилото плата за поранешните дела.” 8 Господ зборува вака: „Како што велат за сокот во гроздот: ‘Не уништувај го, во него е благослов!’ Така ќе направам и Јас заради Моите слуги, не ќе ги уништам сите. 9 Ќе изведам семе од Јакова, а од Јуда наследник на Моите гори; Моите избраници ќе ги наследат, и Моите слуги ќе се населат таму. 10 Сарон ќе стане пасиште за овците, а Ахорската Низина почивалиште за говедата - на Мојот народ, кој Ме бара Мене. 11 А вие, кои Го оставивте Господа, кои ја заборавивте Мојата Света Гора, кои му приготвувате стол на Гад, кои му налевате налевница на Мениј, 12 ве одредив за меч - ќе паднете ничкум, за да ве колат. Зашто ве викав, а вие не одговаравте, зборував, а вие не слушавте, туку вршевте што е зло во Моите очи, го избравте она што не е по Моја волја.” 13 Затоа Господ зборува вака: „Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. 14 Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух. 15 Своето име ќе им го оставите за клетва на Моите избраници: ‘Така ќе те убие Господ!’ А Своите слуги Тој ќе ги вика со друго име. 16 Кој ќе се благословува во земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог. И кој ќе се колне во земјата, нека се заколнува во верниот Бог. Зашто поранешните неволји ќе бидат заборавени, ќе бидат скриени од Моите очи. 17 Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. 18 Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост. 19 И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање. 20 Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет. 21 Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. 22 Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце. 23 Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници. 24 Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам. 25 Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора, „ говори Господ.
1 Господ зборува вака: „Небесата се Мој престол, а земјата подножје на нозете! Каков дом сакате да Ми изградите и каде ќе биде местото на Мојот покој? 2 Па Мојата рака го направи сето тоа, и така сето тоа и настана - објавува Господ. Но кон овој Јас ќе погледнам: кон бедниот и кон човек со поразен дух, кој трепери пред Моето Слово. 3 Кој коле вол, исто е како да убива луѓе; кој жртвува јагне, исто е како да сече врат на куче. Кој принесува жртва, исто е како да принесува свинска крв; кој кади, исто е како да му се моли на идолот. Како што тие ги избраа своите патишта и на душите им се мили нивните гадости. 4 Така и Јас ќе изберам за нив несакани неволји, ќе го пуштам на нив она од што се плашат. Зашто повикував, а никој не се одѕва, зборував, а никој не послуша, туку правеа што е зло во Моите очи, го избраа она што не Ми е по волјата.” 5 Послушајте го Господовото Слово, вие кои треперите од Неговиот Збор: „Зборуваат вашите браќа кои ве мразат и ве отфрлуваат заради Моето Име: ‘Нека се прослави Господ, па да ја видиме вашата радост.’ Но тие ќе бидат засрамени.” 6 Чуј, Врева од градот, глас од Храмот! Тоа е гласот на Господа, Кој им враќа на Своите непријатели. 7 „Пред да почне да се измачува, ете, родила. Пред да ги почувствува породилните болки, породила машко. 8 Кој чул такво нешто, кој видел такво нешто? Може ли земјата да биде населена во еден ден? Дали може народ да се роди одеднаш? А штом ги почувствува болките, Сионката роди синови! 9 Зар би го отворил Јас мајчиното крило а таа да не роди? - зборува Господ. Зар Јас - Кој го давам раѓањето, би ја затворил утробата?” вели твојот Бог. 10 „Веселете се со Ерусалим, воскликнувајте заради него сите кои го љубите! Радувајте се, радувајте се со него, сите кои тажевте над него! 11 Надојте се и наситете се на градите на неговата утеха, за да се напиете и насладите на градите на неговата слава.” 12 Зашто Господ зборува вака: „Еве, ќе го навратам мирот врз нив како река, и како збуен поток богатството на народите. Ќе ги носам на раце неговите доенчиња и ќе ги милувам на колената. 13 Како што мајката го теши синот, така и Јас ќе ве утешам - ќе се утешите во Ерусалим.” 14 Кога ќе го видите тоа, срцето ќе ви се радува, и ќе ви процветаат коските како млада трева. Ќе се пројави Господовата рака на Неговите слуги и гневот над неговите непријатели. 15 Зашто, еве, Господ доаѓа со оган - воената кола Му е како виор - за да го излее Својот гнев во јарост и Своите закани во вжарен оган. 16 Да, Господ ќе му суди со оган и со меч на секој смртник: поразените од Господа ќе бидат мноштво. 17 „Оние кои се посветуваат и се чистат во градините зад оној еден на средина, кои јадат свинско, нечисто и глувци - сите ќе загинат заедно,” говори Господ. 18 „Јас ги познавам добро нивните дела и нивните намери. Доаѓам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат Мојата Слава! 19 Ќе им поставам знак и ќе ги испратам преживеаните од нив кон народите во Тарсис, Фул, Луд, Мошек, Рош, Тувал и Јаван - при далечните острови кои не чуле глас за Мене ниту ја виделе Мојата Слава - и тие ќе им ја навестуваат Мојата Слава на народите. 20 И ќе ги доведам сите ваши браќа од сите народи како принос на Господа - на коњи, на бојни коли, на носилки, на мазги и на едногрби камили - на Својата Света Гора во Ерусалим - зборува Господ - како што Израелевите синови принесуваат принос во чисти садови во Господовиот Дом. 21 И ќе си земам од нив свештеници, левити - зборува Господ. 22 Зашто, како што новата небеса и новата земја, што ќе ги создадам, ќе траат пред Мене - слово е Господово - така ќе ви траат името и потомството. 23 Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота, секое тело ќе доаѓа за да се поклони пред Моето лице - говори Господ. 24 Излегувајќи, ќе ги гледаат труповите на луѓето кои се одметнаа од Мене: нивниот црв не ќе умре, и нивниот оган не ќе угасне - ќе бидат гнасни на секое тело.”
1 Зборовите на Еремија, синот Хелкиин, свештеник од Анатот, во Венијаминовата Земја. 2 Господовото слово му дојде нему, во деновите на Јосиј, синот Амонов цар Јудин, во тринаесеттата година на неговото владеење: 3 потоа во деновите на Јоаким, синот Јосиин, царот Јудин, до свршетокот на единаесеттата година на Седекиј, синот Јосиин, царот на Јудеја, сè до заточението на Ерусалим во петтиот месец. 4 Ми дојде Господовото слово: 5 „Пред да те вообликувам во мајчината утроба, Јас те знаев; пред да излезеш од мајчината утроба, Јас те посветив, за пророк на сите народи те поставив.” 6 А јас реков: „Ах, Господи Боже, ете, јас не знам да зборувам: дете сум.” 7 А Господ ми одговори: „Не зборувај: ‘Дете сум!’ Туку оди кај оние кај кои те праќам и речи им го сè она што ќе ти го наредам. 8 Не бој се од нив: Зашто Јас Сум со тебе за да те избавам,” говори Господ. 9 И тогаш Господ ја протегна раката, ја допре мојата уста и рече: „Еве, ги ставам Моите зборови во твојата уста. 10 Ете, те поставувам денес над народите и над царствата, за да истребуваш и разурнуваш, за да сотираш и ништиш, за да градиш и садиш.” 11 И ми дојде Господовото слово: „Што гледаш, Еремија?” А јас реков: „Гледам бадемова гранка.” 12 Тогаш Господ ми рече: „Добро гледаш, зашто јас бдеам над Моите зборови, за да ги исполнам!” 13 И ми дојде Господовото слово: „Што гледаш?” А јас реков: „Гледам зовриен грнец, а неговиот отвор гледа кон север.” 14 И Господ ми рече: „Злото ќе избувне од север против сите жители на оваа земја. 15 Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите северни царства - Господово слово е. И тие ќе дојдат: секое од нив ќе го стави својот престол пред влезот на вратата на Ерусалим, против сите негови ѕидови, и против сите јудејски градови. 16 И ќе им судам за сите нивни зла; затоа што Ме оставија, затоа што им кадеа на други богови и им се клањаа на делата на своите раце. 17 Ти сега препаши ги своите бедра, стани, па ќе им зборуваш сè што ќе ти заповедам тебе. Не трепери пред нив, за да не треба да направам да се стресеш пред нив. 18 Ете, денес те поставувам како утврден град, како железен столб, како бронзен ѕид против сета земја: против царевите и кнезовите јудејски, против свештениците и народот на оваа земја. 19 И ќе војуваат со тебе, ама нема да те надвладеат, зашто Јас Сум со тебе, за да те избавам,” говори Господ.
1 И ми дојде Господово слово: 2 „Отиди и викај му на Ерусалим: ‘Господ зборува вака: „Си спомнувам за твојата младост приврзена, за твојата вереничка љубов: ти дојде со Мене во пустината, по земја каде што не се сее. 3 Израел му беше светина на Господа, првина на Неговите плодови; секој што јадеше од нив, беше казнет; зло го најде,” говори Господ.’” 4 Чујте го Господовото слово, Јаковов дому, и сите родови на Израелевиот дом. 5 Господ зборува вака: „Каква неправда најдоа вашите очи на Мене, та се оддалечија од Мене? Тргнавте по суетата, та самите станавте суетни. 6 Не прашуваа: ‘Каде е Господ, Кој нè изведе од Египетската Земја та нè водеше низ пустината, по пуста земја, едвај проодна, по сува и мрачна земја, по земја низ која никој не поминува, ниту пак некој се населува?’ 7 Во земја на лозја и маслинови градини Јас ве доведов, за да се храните со плодот и со нејзината добрина. Но тукушто влеговте, ја осквернивте Мојата земја, и Моето наследство го претворивте во гнасост. 8 Свештениците не зборуваа: ‘Каде е Господ?’ Толкувачите на Законот Мене не Ме запознаа, пастирите отпаднаа од Мене, а пророците пророкуваа во Ваалово име, и одеа по оние што не можеа да им помогнат. 9 Затоа уште ќе водам парница со вас - говори Господ, и ќе се парничам со синовите на вашите синови: 10 И така, тргнете на Китимските острови, за да видите, или испратете согледувачи во Кидар, та промислете и проверете добро дали се случило нешто слично некогаш. 11 Дали некој народ ги менуваше боговите - тие дури и не се богови! А Мојот народ ја замени својата Слава за оние што не помагаат! 12 Запрепастете се над тоа, небеса, смутете се и зачудете се, - говори Господ. 13 Зашто Мојот народ направи две зла: Ме остави Мене, Изворот на живата вода, та си ископа кладенци за себе, испукани кладенци што не можат да држат вода. 14 Дали е Израел роб или слуга роден во куќата? Зошто стана плен? 15 Лавчиња рикаа на него, го подигаа својот глас. Во пустина ја претворија неговата земја, ги изгореа градовите, им ги нема жителите. 16 А и оние од Мемфис и Тафнес ти го бричеа темето. 17 Нели си го направи тоа сам на себеси, отпаднувајќи од Господа, твојот Бог, кога те водеше по патот? 18 А сега, зошто тргнуваш во Египет, да пиеш вода од Нил? Зошто тргнуваш во Асирија, за да пиеш вода од Реката? 19 Твојата нечесност те казнува, твоето отпадништво те осудува. Сфати и види како е тешко и горко зашто го остави Господа, својот Бог, зашто го нема веќе Мојот страв во тебе - говори Господ Бог над Воинствата. 20 Да, одамна ти го скрши својот јарем, ги скина твоите врски и рече: ‘Нејќам да робувам.’ Па сепак, на секое возвишено место, под секое зелено дрво легнуваше како блудница. 21 А Јас те засадив како избрана лоза, како племенита садница. Само како ли ми се измени во неплоден изрод, во дива лоза! 22 Да се измиеш и со луг, направен од многу пепел, ќе остане дамката на твоето беззаконие пред Мене - говори Господ Бог. 23 Како можеш само да речеш: ‘Не сум се извалкала, не одев по ваалите.’ Погледај ги своите траги во Долината, запознај што си направила. Брза камила што крстосува по своите патеки, 24 дивата ослица навикната на пустината, во својата сладострасност лакомо збива, кој ќе ја скроти во времето на водењето? Кој ја бара, нема да се замори, ќе ја најде во нејзиниот месец. 25 Чувај се да не ти обоси ногата, да не ти се осуши грлото. А ти велиш: ‘Не, напразно е! Зашто ги љубам странците, и по нив ќе одам.’ 26 Како што се засрамува крадецот кога ќе го фатат, така ќе се засрамат синовите на Израелевиот дом, тие, царевите, кнезовите, свештениците и нивните пророци, 27 кои што му зборуваат на дрвото: ‘Ти си мој татко!’ а на каменот: ‘Ти си ме родил!’ зашто ми ги свртуваат плеките, а не лицето, но во својата неволја викаат: ‘Стани, спаси нè!’ 28 Каде се боговите што ти самиот ги направи? Нека станат ако можат да те спасат во твојата неволја! Зашто имаш, о Јудејо, богови колку и градови! Колку што Ерусалим има улици толку Ваал има жртвеници. 29 Зошто сакате да се препирате со Мене? Сите се одметнавте од Мене - говори Господ. 30 Напразно ги удрив вашите синови: вие не извлековте поука од тоа: вашите мечеви ги растргнаа вашите пророци, како лав истребувач. 31 Од каков род ли сте? Чујте го Господовото слово: Зар му бев пустина на Израел, или мрачна земја? Зошто Мојот народ зборува: ‘Сакаме слобода, не сакаме веќе кај Тебе!’ 32 Дали го заборава девицата својот накит, или невестата својот појас? А Мојот народ Ме заборави Мене, тоа веќе има безброј денови. 33 О, како го знаеш добро својот пат кога ја бараш љубовта! Затоа и на зло ги навикна своите патишта. 34 А и на твоите раце се наоѓа крвта на невините сиромаси: не ги најде како ја разурнуваат твојата врата. Да, ти ќе одговараш за сите нив. 35 А велиш: ‘Невина сум, Неговиот гнев се одврати од мене.’ Еве Ме да ти судам, зашто зборуваш: ‘Не сум згрешила.’ 36 Колку си бедна во својата заблуденост! И Египетците ќе те засрамат како што те посрамија Асирците. 37 И оттука ќе треба да си одиш со раце над својата глава, зашто Господ ги отфрли оние во кои се надеваш; ти не ќе бидеш среќна со нив.
1 Зборуваат: ‘Ако мажот ја отпушти својата жена и таа си отиде од него, та се омажи за друг, има ли уште право да се врати кај него? Не е ли таа жена сосем осквернета?’ А ти блудствуваше со многу љубовници, па да Ми се вратиш Мене? - говори Господ. 2 Подигни ги очите кон голините и погледај: каде тоа не те оскверниле? На патиштата ги пречекуваше како Арабјанец во пустината. Ти ја оскверни земјата со својот блуд и со својата нечесност, 3 затоа и дождовите прекратија, и доцните дождови не паднаа. Челото ти е како во блудница: не се ни зацрвени. 4 Не Ми викаш ли сега: ‘Татко мој, ти си пријател на мојата младост! 5 Дали засекогаш ќе пламнееш и вечно ли ќе тлее твојот гнев?’ Така зборуваш, а и натаму правиш зла, колку што можеш.” 6 Господ ми рече во деновите на царот Јосиј: „Виде ли што направи одметничката Израел? Таа оди на секоја висока гора и под секое зелено стебло и таму му се предава на блудството. 7 А Јас мислев: ‘По сè што ќе направи, ќе Ми се врати Мене.’ Но таа не се враќа. И тоа го виде нејзината сестра, неверницата Јудеја. 8 А виде и како ја отпуштив одметничката Израел заради сите прељуби и и дадов отпустен книжен свиток. Но сестра и, неверницата Јудеја, не се исплаши ни малку, па и таа сврте во блудство. 9 И со своето лесноумно блудство ја обесчести земјата; правеше прељуба со камења и со дрва. 10 И после сè тоа не се врати кај Мене нејзината сестра неверница, Јудеја, со сето свое срце, туку само лажно - Господово слово е. 11 И ми рече Господ: „Одметничката Израел поправедна е од неверницата Јудеја. 12 Оди и викај ги кон Север овие зборови. Речи: ‘Врати се, одметничке, Израелу, говори Господ. Не се гневи веќе Моето лице на вас, зашто Сум милостив - говори Господ, не ќе се гневам довека. 13 Само признај ја својата кривица дека се одметна од Господа, твојот Бог, и дека заскита кон туѓинците, под секое зелено дрво, и не го слушаше Мојот глас - говори Господ. 14 Вратете се, синови одметници - говори Господ - зашто Јас Сум вашиот Господар. Ќе ве земам, по еден од секој град, по двајца од секој род, да ве одведам на Сион. 15 И ќе ви дадам пастири според Своето срце, кои ќе ве пасат разумно и мудро. 16 А кога во тие дни ќе се намножите и народите во земјата - Господово слово е - веќе нема да се зборува: ‘Ковчег на Господовиот Завет’ и никој не ќе мисли на него, никој не ќе си спомнува за него, ниту ќе копнее по него, ниту ќе го гради повторно. 17 Во тоа време Ерусалим ќе се вика: ‘Господов Престол;’ и сите народи ќе се соберат во него во Господово Име, и ниеден веќе не ќе се поведува по своето расипано срце. 18 Во оние денови Јудиниот дом ќе се сложува со Израелевиот дом; и заедно ќе тргнат од Северната Земја, во земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци. 19 А јас реков: ‘Како да те вбројам меѓу синовите и да ти ја дадам земјата на сласта, наследството, најубавиот бисер меѓу народите!’ Помислив: ‘Ти ќе ме викаш: „Татко мој!” и веќе не ќе отстапиш од Мене.’ 20 Но како што жената го изневерува својот маж, така и вие Ме изневеривте Мене, Израелев дому - говори Господ. 21 Чуј! По високите голини се слуша плач, викање за помош на Израелевите деца, зашто свртија од својот пат. Го заборавија Господа, својот Бог. 22 Вратете се, синови, што се одвративте, ќе ги исцелам вашите одметништва!” - Еве, доаѓаме кај тебе, зашто Ти си Господ, нашиот Бог! 23 Навистина, измамливи се висовите, врева по ридовите. Навистина, во Господа, нашиот Бог, е Израелевото спасение! 24 Ваал го проголта трудот на нашите татковци уште од нашата младост: нивните овци и говеда, нивните ќерки и синови. 25 Да легнеме во својот срам, нека нè покрие нашето засрамување! Зашто на Господа, својот Бог, Му згрешивме, ние и нашите татковци, од својата младост до денешниот ден, и не го слушаме гласот на Господа, нашиот Бог.”
1 „Ако, сакаш Израелу да се вратиш - говори Господ - врати се кај Мене; ако ги отстраниш твоите грозотии, веќе не треба да бегаш од Мене. 2 Ако се заколнеш: ‘Живиот ми Господ!’ вистински, право и праведно, народите ќе бидат благословувани во тебе и ќе се гордеат со тебе.” 3 Зашто Господ им зборува вака на Јудејците и на Ерусалимците: „Изорајте си нови ниви, не сејте меѓу трње. 4 Обрежете Му се на Господа, симнете го обрезокот од своето срце, Јудејци и Ерусалимци, зашто Мојот бес ќе избувне како оган, и ќе гори, а никој да го угасне, заради лошите дела и нечесностите што ги направивте.” 5 Објавете во Јудеја, разгласете во Ерусалим: „Трубете во рог ширум земјата, викајте со полн глас и речете: ‘Сите на собир! Да се вовлечеме во своите утврдени градови!’ 6 Издигнете знак кон Сион! Бегајте! Не застанувајте! Зашто доведувам несреќа од Север, голема пропаст.” 7 Лавот се крева од својата густа шума, погибелникот на народите излезе од своето место, тргна за да ја запусти твојата земја: ќе ги разурне твоите градови, ќе им ги снема жителите. 8 Затоа наметнете се со вреќишта, ридајте, тажете, зашто пламнатата јарост на Господа не нè одмина. 9 „Во оној ден - говори Господ - ќе им изнемошти срцето на царот и на кнезовите. Свештениците ќе бидат вчудоневидени, пророците молкнати.” 10 И ќе речат: „Ах, Господи, Боже, навистина нè измами тешко кога рече: ‘Ќе уживате мир’ а сега мечот ни е под грлото.” 11 Во тоа време ќе им биде речено на овој народ и на Ерусалим: „Врел ветер од пустинските височини дува кон ќерките на Мојот народ; но не за да ги лади и за да ги очисти! 12 Ќе ми дојде ветер полн со закана, и Јас тогаш ќе им изречам пресуда!” 13 „Ете, се дига како облачишта, колата му е слична на виор, коњите се побрзи од орлите. Тешко ни! Пропаднавме!” 14 Измиј го злото од своето срце, Ерусалиме, за да се спасиш. До кога во твоите гради ќе се гнездат злосторнички мисли? 15 Зашто гласот навестува од Дан, од Ефремовата Гора најавува несреќа. 16 „Опоменете, разгласете по Јудеја, соопштете му на Ерусалим: непријателите доаѓаат од далечна земја и извикуваат извици против јудејските градови; 17 како полјаците го опкружуваат Ерусалим, зашто се одметнаа од Мене - говори Господ. 18 Твојот пат и твоите дела ти го направија тоа. Тоа е твојата несреќа! Како е горчлива, како ли удира во срцето!” 19 Моја утробо! Моја утробо, боледувам, срцето ми се раскинува! Душата ми трепери! Не можам да молчам, зашто го слушам гласот на рогот, бојните извици. 20 Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена, моите шатори се запустени одненадеж, во миг на окото сите мои засолништа се уништени. 21 До кога ќе ги гледам бојните знакови, ќе ги слушам повиците на роговите? 22 „Да, Мојот народ е безумен, не Ме познава, тие се неразумни деца, не сфаќаат ништо, мудри се за зли дела, но да прават добро не умеат.” 23 Ја гледам земјата: пуста е, еве, и празна, небесата: светлината им исчезна. 24 Ги гледам горите: ете, се тресат, а сите ридови се растресени. 25 Гледам: еве нема човек, сите небесни птици одлетале. 26 Гледам: еве, плодното поле запусте, Господ ги разурна сите градови со жестокоста на Својот гнев. 27 Да, Господ зборува вака: „Сета земја ќе биде запустена, Јас ќе и го зададам последниот удар. 28 На тоа, земјата ќе се завитка во црно, а небесата, горе, ќе потемнат. Јас реков, и не ќе се раскајам, одлучив и не ќе се откажам. 29 Пред извикот: ‘Коњаници и стрелци!’ сета земја почна да бега: бегаат во грмушките, се искачуваат на ридовите: сите градови се напуштени, веќе никаде жива душа. 30 А ти, запустена, што ќе направиш? Ако се облечеш и во црвено сукно, ако се украсиш со златен накит и ако очите ги оцветиш, напразно се разубавуваш! Твоите љубовници те презираат тебе: ја бараат твојата глава. 31 Да, слушам плач како во болна, врескање како кај онаа што раѓа за првпат. Чуј, тоа Сионската ќерка липа и ја протега раката: ‘Тешко ми! Душата ми замрува под ударите на убијците!’
1 „Поминете по ерусалимските улици, погледајте добро и распрашајте се, барајте по неговите раскрсници, па ако најдете и еден човек кој прави правда и ја бара вистината, ќе му простам на овој град - говори Господ. 2 Па кога и зборуваат: ‘Живиот ми Господ!’ навистина се колнат лажно.” 3 Господи, нели се Твоите очи насочени кон вистината? Ги биеш, ама нив не ги боли; ги истребуваш, но тие ја одбиваат Твојата поука. Челото им е поцврсто од стрмна карпа, одбиваат да се обратат. 4 Реков: „Само бедните постапуваат така лудо, зашто не го знаат Господовиот пат, ни својот вистински Бог. 5 И така, ќе отидам кај големците и ќе им зборувам ним, зашто тие го познаваат Господовиот пат и својот вистински Бог.” Но тие сложно го скршија јаремот, и ги искинаа сите врски. 6 И затоа ги напаѓа горскиот лав, пустинскиот волк ги раскинува, леопардите ги дебнат нивните градови, секој кој ќе излезе од нив, ќе биде раскинат. Зашто нивните гревови се многубројни, многуструки се нивните отпаѓања. 7 „Зошто да ти простам? Твоите синови Ме напуштија, се заколнуваат во лажни богови. Јас ги наситив, тие направија прељуба, се нафрлија во куќата на блудницата. 8 Тие се како згоени, нахранети коњи: ‘ржат по жената на својот ближен. 9 Па тоа да не го казнам - говори Господ - на таков народ да не му се одмаздам?” 10 „Искачете се на ѕидовите! Разурнувајте! уништете, но не сосема! Откорнете ги сите копачки, зашто не се Господови. 11 Да, постапија многу вероломно со Мене: Израелевиот дом и Јудиниот дом - говори Господ. 12 Го одрекоа Господа, рекоа: „Го нема! Злото нема да нè најде, не ќе испитаме ни глад ни меч! 13 А пророците се како ветерот, нема говорници меѓу нив! Еве што ќе им се случи: 14 Затоа вака зборува Господ, Бог над Воинствата: „Затоа што зборуваа така, Моите зборови во твојата уста, во оган ќе ги претворам а овој народ во дрво, за да го голтне огнот. 15 Еве, ќе доведам против вас народ оддалеку, Израелев дому - говори Господ. Народ непобедлив, народ древен, народ чиј јазик не ќе го знаеш, ниту ќе разбереш што зборува. 16 Торбата за стрели им е отворен гроб. Сите се тие одбор јунаци. 17 Тој ќе ги изеде: твојата жетва, твојот леб, твоите синови и ќерки, твоите овци и говеда, грозјето и смоквите твои, ќе ти ги разори тврдите градови во кои се надеваш сега. 18 Но ни тогаш - говори Господ - не ќе те уништам сосем. 19 А кога ќе прашуваат: ‘Зошто Господ, нашиот Бог, ни го стори ова?’ ти ќе им одговориш: ‘Зашто Ме оставивте Мене, за да им служите на туѓи богови во својата земја, ќе му служите на туѓинец, во земјата што не е ваша!’ 20 Објавете му го ова на Јакововиот дом и прогласете го по Јудеја: 21 ‘И така, чујте го ова, луд и неразумен народу: очи имаат, а не гледаат, уши имаат, а не слушаат! 22 Зар не ќе се боите од Мене - говори Господ - зар не ќе треперите пред Мене? Кој му ја ставив песокта на морето за граница, за вечна меѓа што никогаш нема да ја помине: тоа се накрева, но е немоќно, брановите му бучат, но нема да поминат. 23 Но, во овој народ срцето е бунтовно, непокорно; тие се оддалечија - тоа е нивната сила! 24 Не рекоа во своето срце: „Да се боиме од Господа, нашиот Бог, Кој што ни праќа во прав час ран дожд и доцен дожд, и Кој ни ги чува седмиците одредени за жетва.” 25 Вашите беззаконија го нарушија ова, вашите гревови ви ја уништија благосостојбата. 26 Да, во Мојот народ има нечестивци: дебнат од заседа како птичари, поставуваат стапици, ги фаќаат луѓето. 27 Како што е клетката полна со птици, така нивните куќи се полни со грабежи; така станаа големи и богати, 28 дебели и згоени. Ја пречекорија секоја мерка на злото, не ги бранат судските дела; делата на сирачињата, и пак им е добро, и не му пресудуваат на справедливото дело на бедните. 29 Па тоа да не го казнам! - говори Господ, на таков ли народ да не му се одмаздам?’ 30 „Стравотии и грозотии се збиднуваат во оваа земја: 31 пророците пророкуваат лага, а свештениците поучуваат на своја рака. А тоа му замиле на Мојот народ! Но што ќе прави на крај?
1 „Бегајте, Венијаминови синови, од среде Ерусалим! Во Текуе затрубите во рог, на Вет Акерем издигнете бојно знаме! Зашто од Север се наднесе несреќа, голема пропаст. 2 Сионската ќерка е слична на убаво пасиште. 3 Кај неа доаѓаат пастирите со стадата. Насекаде околу неа оптегнаа шатори, секој пасе на својот дел.” 4 „Со неа зафатете свет бој! На нозе! Да нападнеме среде денот! Тешко ни, зашто денот навалува кон запад, а вечерните сенки се издолжуваат! 5 На нозе! Да нападнеме среде ноќта, да ги разурнеме нејзините дворови!” 6 Зашто Господ над Војските зборува вака: „Пресечете ги нејзините дрва, издигнете насип околу Ерусалим, тоа е град што е посетен, во него е сè само насилство. 7 Како што од кладенецот извира вода, така од него извира злото. Во него се слушаат само насилства и грабителство, пред Мене се секогаш болести и рани. 8 Поправи се, Ерусалиме, за да не Ми се одврати душата од тебе, за да не те претворам во пустина, во ненаселена земја.” 9 Господ над Воинствата зборува вака: „Доприбирај, доприбирај како лоза Израелев Остаток! Како берачите испружи ја раката меѓу прачките! 10 Кому треба да му зборувам, кого да го опоменам да ме послушаат? Ете, увото им е необрезано затоа не можат да чујат. Ете, Господовиот збор им стана потсмев, не им е мил. 11 Преполн сум со Господовиот гнев, не можам да издржам веќе! - И така, излеј го на децата по улиците и на собирите на младите. Сите ќе ги опфати, мажот и жената, старецот и човекот на зрело доба. 12 Нивните куќи ќе им припаднат на други, а така и полињата и нивните жени. Да, ќе ја протегнам Својата рака - говори Господ, на жителите на оваа земја, 13 зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници. 14 И лесно ја лечат раната на Мојот народ, викајќи: ‘Мир! Мир!’ Но нема мир. 15 Нека се засрамат што направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не умеат веќе да црвенеат. И затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ. 16 Господ зборува вака: „Застанете на патишта, распрашајте се за некогашните патеки: Кој пат води кон доброто? Тргнете по него и ќе најдете спокојство за своите души! Но тие рекоа: ‘Не одиме!’ 17 И им поставија стражари: ‘Внимавајте на гласот на рогот!’ Но тие рекоа: ‘Не ќе внимаваме!’ 18 Затоа чујте, народи, и вие пастири на нивните стада! 19 Чуј, земјо! Ете, доведувам зло на овој народ, плод на нивната побуна, зашто тие не ги слушаа Моите зборови, го отфрлија Мојот Закон. 20 Зошто Ми е темјанот што доаѓа од Сава, и мирислива трска од далечна земја? Вашите паленици не Ми се мили, не Ми се по волја вашите жртви.” 21 Затоа Господ зборува вака: „Еве, Му поставувам на овој народ пречки на кои ќе се сопнат, татковците и децата заедно, соседот ќе загине заедно со пријателот.” 22 Господ зборува вака: „Еве доаѓа народ од северна земја, голем народ се крева од краиштата на земјата: 23 во рацете им се лак и копје, жестоки се, немилосрдни; вревата им бучи како море, јаваат на коњи, како еден подготвени за бој против тебе, Сионска Ќерко.” 24 Кога ја чувме веста, рацете ни се истоштија, страв нè опфати, болка како родилка. 25 Не излегувајте во полињата, не одете по патиштата, зашто непријателските мечеви се закануваат, ужас сè наоколу. 26 Ќерко на Мојот народ, препаши се со вреќиште, посипи се со пепел, тагувај како за единец со тажачка горчина. Зашто ќе дојде одненадеж врз нас запустувачот. 27 „Те поставив за испитувач на Мојотнарод, за да ги сознаеш и испиташ неговите патишта. 28 Сите тие се најлоши одметници, наоколу клеветат, тврди како бронза и железо, сите се расипани. 29 Дувалото изгоре за да го голтне огнот оловото, напразно леачот се труди да го растопи: згурата не се дава да биде излачена. 30 ‘Отфрлено сребро,’ така ги викаат, зашто Господ ги отфрли!
1 Ова е словото што му дојде на Еремија од Господа: 2 „Застани пред вратата на Господовиот Дом, разгласи го таму оваа слово. Речи: ‘Чујте го Господовиот збор, сите Јудејци, кои влегувате низ оваа врата за да Му се поклоните на Господа.’” 3 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Поправете ги своите патишта и своите дела, па Јас ќе престојувам со вас на ова место. 4 Не надевајте се на лажните зборови: ‘Господово светилиште! Господово светилиште! Господово светилиште!’ 5 Но ако навистина ги поправите своите патишта и своите дела, и ако навистина ќе правите што е право, секој кон својот ближен, 6 ако не ги угнетувате странецот, сирачињата и вдовиците и ако не пролевате невина крв на ова место, ако не трчате по туѓи богови за своја несреќа - 7 ќе престојувам со вас на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци засекогаш. 8 Ама вие се надевате во лажни и неполезни зборови! 9 Зар да крадете, да убивате, да правите прељуба, да се заколнувате криво, да му палите темјан на Ваал и да трчате по туѓи богови што не ги познавате, 10 а тогаш да доаѓате и да стоите пред Мене во овој Дом, што го носи Моето Име и да зборувате: ‘Спасени сме!’ и потоа пак да правите зло и нечесности? 11 Зар овој Дом, што се вика со Моето Име, е во вашите очи разбојничка пештера? Но Јас гледам добро - говори Господ. 12 И така, појдете во Моето место, што е во Сило, каде што некогаш го настанив Своето Име, и погледајте што направив од него заради беззаконијата на Својот Израелски народ. 13 Бидејќи ги правите сите оние исти недела - слово е Господово - и ако ве опоменувам неуморно, вие не слушате, а кога ве повикувам, вие не се одѕвивате: 14 од овој Дом, што се вика со Моето Име, во кое се надевате вие, и од ова место што ви го дадов вам и на вашите татковци, ќе направам исто што направив и од Сило. 15 Ќе ве отфрлам од Своето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, сето Ефремово потомство. 16 А ти не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам. 17 Не гледаш ли што прават по јудејските градови и по ерусалимските улици? 18 Децата собираат дрва, татковците запалуваат оган, жените месат тесто за да и испечат колачиња на ‘царицата на небото’ и им леат налевници на други богови за да Ме похулат. 19 Зар Мене Ме хулат со тоа - Господов збор е - а не себеси за свој срам?” 20 И затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, Својот гнев и Својата јарост ќе ги излеам врз ова место, на луѓето и на добитокот, на полските дрва и на плодовите на земјата, ќе се распламени и нема да угасне.” 21 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „На палениците додајте им и жртви, и јадете месо. 22 Јас ништо не им реков на вашите татковци за палениците и закланиците, ниту им заповедав нешто за тоа кога ги изведов од Египетската Земја. 23 Ова им го заповедав: ‘Слушајте го Мојот глас, па Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ. Одете по патот по кој што ви заповедав, за да ви биде добро.’ 24 А тие не послушаа, не го приклонија своето уво, туку тргнаа по советот и закоравеноста на своето лошо срце; Ми ги свртија плеќите, а не лицето. 25 Од денот кога вашите татковци излегоа од Египетската Земја па до денешниот ден ви испраќав толку свои слуги, пророци, од ден на ден, неуморно. 26 Но тие не Ме слушаа, не го приклонија своето уво, туку го закоравеа вратот, полошо од своите татковци. 27 Можеш да им го речеш сè тоа, но нема да те послушаат; викни ги, не ќе ти одговорат. 28 Затоа речи им: ‘Ова е народ кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима опомени. Ја снема вистината, ја снема од нивната уста. 29 Истрижи ја својата долга коса, фрли ја. По голините затажи со тажачка, зашто Господ го отфрли и го остави родот на кого се разгневи. 30 Да, Јудините синови, прават што е зло во Моите очи - зборува Господ. Поставија грозотии во Домот што се вика со Моето Име, за да го осквернат; 31 издигнаа тофетски високи места во Долината Бен Еном (Еномови Синови) и ги горат во оган своите синови и ќерки - што Јас никогаш не им заповедав, ниту пак тоа некогаш Ми падна на ум. 32 Затоа, еве, доаѓаат денови - зборува Господ - кога веќе не ќе се рече Тофет ни Долина Бен Еном, туку Долина на Колежи. Во Тофет ќе бидат погребувани мртви, зашто не ќе има друго место. 33 А мртвите тела на овој народ ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови, и не ќе се најде никој за да ги исплаши и да ги изгони. 34 Ќе ги отстранам од јудејските градови и од ерусалимските улици: радоста и веселбата: зашто таа земја ќе се претвори во пустина.
1 „Во она време - зборува Господ - ќе ги извадат од земјата коските на јудејските цареви, коските на нејзините кнезови, коските на свештениците, коските на пророците и коските на ерусалимските жители. 2 И ќе ги распрострат кон сонцето, кон месечината и кон сета небесна војска, кои ги љубеа, на кои им служеа, кои ги следеа, кои ги прашаа за совет и на кои им се поклонуваа. И не ќе ги соберат ни ќе ги погребат; ќе останат како гној по земјата. 3 Тогаш на оние што ќе останат од тие лоши племиња, по сите места каде што ќе ги распрснам, смртта ќе им биде помила од животот - слово е на Господа над Војските. 4 Речи им вака: ‘Господ зборува вака: „Ако падне некој, нема ли да стане пак? Ако заскита некој, нема ли да се врати пак? 5 Тогаш зошто ерусалимскиот народ скита упорно и непрекратно? Цврсто се држат за лагата, не сакаат да се обратат. 6 Внимавав и прислушкував: не зборуваат како што треба. Никој не се кае заради своето зло, и не вели: „Што сторив?” Секој се завртува по својот пат, како коњ што трча во бој. 7 Па и штркот под небото го знае своето време, грлицата, ластовичката и жеравот го пазат времето кога треба да се вратат. А Мојот народ не го познава Господовиот суд! 8 Како можете да тврдите: ‘Ние сме мудри, во нас е Господовиот Закон!’ Навистина, во лага го претвори лажната писалка на писарот! 9 Мудреците ќе бидат засрамени, исплашени и фатени во примка. Ете, тие го презреа Господовото слово! А нивната мудрост - што им ползува? 10 Затоа ќе им ги дадам нивните жени на странците, а нивните полиња на освојувачите. Зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници. 11 И лесно ја лечат раната на Моите ќерки, викајќи: ‘Мир! Мир!’ Но нема мир. 12 Нека се засрамат дека направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не знаат веќе да зацрвенеат. Затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ. 13 Сакав на берба кај нив - Господово слово е - а тоа ни грозд на прачката, ни смоква на смоквата; дури и лисјата овенаа. Затоа ги предадов на оние што поминуваат покрај нив.”‘“ 14 „Зошто чекаме уште? На собир! Да се вовлечеме во тврдите градови, за да изгинеме таму, зашто Господ, нашиот Бог, нè сотира, нè напојува со горчлива вода, зашто згрешивме против Господа. 15 Се надевавме на мир, но нема добро, чекавме време за оздравување, но ете го ужасот! 16 Од Дан достигнува цвилењето на неговите коњи, од ‘ржењето на неговите нескопени коњи трепери сета земја. Доаѓаат да ја голтнат земјата и сè што ја исполнува, градот и жителите во него.” 17 „Ете, пуштам на вас отровници, против кои нема чародејства; ќе ве каснуваат,” зборува Господ. 18 „Болка ме опфаќа, нема лек, срцето ми изнемошти. 19 Еве, викаат на помош ќерките на Мојот народ од далечна земја: „Зар Господ не е веќе на Сион? Неговиот цар?” „Зошто Ме разјарија со своите кипови, со туѓински ништожества?” 20 „Жетвата помина, летото мина, а ние не сме спасени!” 21 Сотрен сум зашто е сотрена ќерката на Мојот народ, тажен сум, опфатен од стравотии. 22 Зар во Галад нема балсам? Нема ли таму лекар? Та, зошто не и доаѓа оздравувањето на ќерката на Мојот народ?
1 О, кој би ја претворил мојата глава во воден извор, а моите очи во вруток солзи, дење и ноќе да плачам над загинатите свои ќерки, на својот народ! 2 Ако имав престојувалиште во пустината, ќе го оставев својот народ и ќе отидев далеку од него. Зашто сите тие се прељубници, собир на вероломство. 3 „Јазикот го напнуваат како лак, лагата, а не вистината, преовладува на земјата. Од зло кон зло се втурнуваат, Мене не Ме познаваат - зборува Господ. 4 Секој нека се чува од пријателот, а брат на братот нека не му верува, зашто секој брат постапува како Јакова, а секој пријател разнесува клевети. 5 Се измамуваат еден другиот, не ја зборуваат вистината, го свикнаа јазикот да зборува лаги; изопачени се, не можат веќе 6 да се вратат. Насилство врз насилство! Измама по измама! Не сакаат да Ме сознаат Мене,” зборува Господ. 7 Затоа вака зборува Господ над Воинствата: „Еве, ќе ги претопам и ќе ги испитам, та како и да постапуваат кон ќерките на мојот народ? 8 Јазикот им е убиствена стрела, на устата измамлив збор. ‘Мир со тебе,’ го поздравуваат ближниот, ама во срцето му подготвуваат стапица. 9 Па да не ги казнам заради тоа - говори Господ - да не му се одмаздам на таквиот народ?” 10 Заплачете, тажете над ридовите, ридајте над пустинските пасишта! Зашто изгореа, никој не минува, гласот на стадото веќе не се слуша. Од небесната птица до добитокот, сè избега, сè снема. 11 „Од Ерусалим ќе направам куп камчишта, шакалско живеалиште, јудејските градови ќе ги претворам во пустина каде што никој не живее.” 12 Кој е мудар, за да го разбере тоа, кому му зборуваше Господовата уста за да извести зошто изгоре земјата како пустина, и никој веќе не минува низ неа? 13 И Господ рече: „Зашто го оставија Мојот Закон што им го дадов и зашто не го слушаа Мојот глас, ниту го следеа, 14 туку ги следеа своето закоравено срце и Ваалите на кои нивните татковци ги научија.” 15 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе го наранам овој народ со пелин и ќе го напојам со горчлива вода. 16 И ќе ги распрснам меѓу народите кои не ги познаваа тие ни нивните татковци. А по нив ќе испратам меч, за да ги сотре.” 17 Господ над Воинствата зборува вака: „Внимавајте! Повикајте ги тажачките! Нека дојдат! Испратете по највештите! Нека дојдат! 18 Нека поитаат за да го запеат тажењето над нас! За да потечат солзи од нашите очи, за да потече вода од нашите клепки! 19 Од Сион достига тажењето: ‘О, како сме упропастени, многу засрамени! Зашто треба да ја оставиме земјата и да ги оставиме своите живеалишта.’” 20 И затоа, о жени, чујте го Господовото слово, и нека вашето уво го прими зборот од Неговата уста. Учете ги своите ќерки да тажат, да ридаат една за друга: 21 Смртта влезе скришум низ нашите прозорци, влезе во нашите дворови, ги покоси децата среде улицата, младите среде раскрсниците. 22 Зборувај, вака вели Господ: „И мртвите тела ќе лежат како гној по ораниците, како снопје зад жетварите, а ќе нема никој да ги собере.” 23 Господ зборува вака: „Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството. 24 А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ Кој ги твори милостта, судот и правдата на земјата, зашто тоа Ми е мило,” зборува Господ. 25 „Еве, наближуваат денови - зборува Господ - ќе ги казнам сите кои се обрежани заедно со необрежаните: 26 Египет, Јудеја, Едом, Амоновите синови и Моав, и сите оние што ги бричат крајните коси и кои престојуваат во пустината. Зашто сите тие народи се необрежани, и сиот Израелев дом е со необрежано срце.”
1 Слушајте го зборот што ви го зборува Господ, Израелев Дому. 2 Господ зборува вака: „Не свикнувајте на безбожниот пат, и не треперете пред небесните знаци, зашто пред нив треперат само безбожниците. 3 Зашто правилата на тие народи се ништожество, само дрво пресечено во гората, дело на рацете на дрводелецот, 4 украсено со сребро и злато, прицврстено со клинови и со млат за да не се ниша. 5 Слични се на птичините страшила во градината: не знаат да зборуваат. Треба да бидат носени, зашто не умеат да одат. Не бојте се од нив, зашто не можат да прават зло, но не можат да прават ни добро.” 6 Никој не е како Ти, Господи, Ти си велик и силно е Твоето Име. 7 Кој да не се бои од Тебе, Цару на народите? Навистина, Тебе Ти припаѓа, зашто меѓу сите мудреци на народите и во сите нивни царства Ти нема рамен! Со што палат оган, тоа ги залудува! Законот им е суетен - обично дрво. 8 Сите до еден тие се бесмислени и глупи; празно учење - тоа е дрво. 9 Сребро исковано во листови увезено од Тарсис, злато од Уфаз, работа на копаничарот и ракотворба на златарот, сè уметнички дела, наметнати со љубичесто и со црвено сукно. 10 А Господ е вистински Бог, Тој е жив Бог и вечен Цар. Земјата се тресе од Неговиот гнев, народите не можат да ја поднесат Неговата јарост. 11 Еве што ќе речете за киповите: „Боговите кои не ги создадоа небесата ни земјата треба да ги снема од лицето на земјата и под небото.” 12 Тој ја создаде земјата со Својата сила, со Својата мудрост ја утврди вселената, и со Својот ум ги оптегна небесата. 13 Кога ќе Му заечи гласот, водите на небесата шумат, ги крева облаците од крајот на земјата; му создава молња на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа. 14 На секој човек му застанува паметта, секој златар се засрамува од својот кип, зашто сите кипови му се само измама, нема дух во нив! 15 Тие се суетни, смешни творби, ќе пропаднат во денот на казната. 16 „Јакововиот Дел” не е како нив: зашто Тој е Творец на сè, Израел е племе на Неговото наследство, Господ над Воинствата е Неговото Име. 17 Собери ги своите искинати облеки од земјата, ти, кој живееш во тврдина! 18 Зашто Господ вели вака: „Ете, овој пат далеку ќе ги отфрлам жителите на оваа земја, ќе ги притеснам за да Ме најдат.” 19 Горко ми заради мојата повреда, мојата рана е неизлечива. А јас реков: „Сепак, болеста е моја, ќе ја носам!” 20 Мојот шатор е расипан, сите јажиња се скинати. Децата ме оставија: ги нема. Нема кој да го оптегне пак мојот шатор и да ги крене шаторските крилја. 21 Да, пастирите ја загубија паметта: Не Го бараа Господа. Затоа среќата не ги придружува, и сите стада се распрснаа. 22 Чујте вести! Еве, се доближува страшно бучење од северната земја, за да ги претвори јудејските градови во пустина, во кална локва на шакалите. 23 Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори! 24 Господи, казни ме, но по правда, не во гнев, за да не ме сотреш. 25 Излеј гнев врз народите кои не Те признаваат, и на племињата кои не го повикуваат Твоето Име! Зашто тие го голтнаа Јакова, го изедоа, го запустија неговото живеалиште.
1 Словото што Господ му го упати на Еремија: 2 „Чуј ги зборовите на овој Завет и зборувај им на Јудејците и на Ерусалимците. 3 Речи им: ‘Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Проклет да биде човекот, кој не ќе ги послуша зборовите на овој Завет, 4 зборовите што им ги заповедав на вашите татковци кога ги изведов од Египетската Земја, од онаа вжарена печка, говорејќи: ‘Послушајте го Мојот глас и правете сè што ќе ви заповедам: тогаш ќе бидете Мој народ, а Јас ваш Бог,’ 5 за да ја исполнам заклетвата со која им се заколнав на вашите татковци дека ќе им ја дадам земјата во која течат млеко и мед - како што е денес.”‘“ А јас одговорив и реков: „Така е, Господи.” 6 И Господ ми рече натаму: „Објави ги овие зборови по јудејските градови и по ерусалимските улици: ‘Послушајте ги зборовите на овој Завет, па извршувајте ги. 7 Зашто сериозно ги опоменував вашите татковци кога ги изведував од Египетската Земја и неуморно ги опоменувам до денес, велејќи: „Послушајте го Мојот глас.” 8 Но тие не слушаа и не го приклонија своето уво, туку се поведоа по закоравеноста на своето срце. Затоа дозволив да се исполнат на нив сите зборови на овој Завет, за кого им заповедав да се придржуваат за него, но тие не се придржуваа за него.’” 9 И Господ ми рече: „Заверата е меѓу Јудејците и Ерусалимците. 10 Се вратија кон беззаконијата на своите татковци, кои се оглушија на Моите зборови, па трчаа по туѓите богови, за да им служат. Израелевиот дом и Јудиниот дом го прекршија Мојот Завет, што го склучив со нивните татковци.” 11 Затоа Господ зборува вака: „Еве, ќе доведам врз нив зло на кое не ќе му избегаат; ќе викаат кон Мене, но Јас нема да ги слушам. 12 Тогаш јудејските градови и ерусалимските жители нека викаат кон боговите на кои им кадат, но тие нема да им помогнат во време на неволја! 13 Зашто имаш, о Јудејо, богови колку и градови! И колку што има улици во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте за да му кадите на Ваала. 14 И така, ти не моли милост за тој народ, не дигај го гласот за нив и не моли, зашто нема да ги послушам кога ќе Ме повикаат во својата неволја. 15 Што бара мојата возљубена во Мојот Дом? Смислуваат лоши основи. Дали мрсното и посветеното месо ќе го отстранат злото од тебе? Дали можат затоа да те прогласат чиста? 16 ‘Зелена маслинка со убаво растење,’ така те нарече Господ. А сега со голем шум со пламен го гори нејзиното лисје, изгорени се нејзините гранки. 17 Господ над Воинствата, Кој те беше посадил, ти наметна несреќа заради злосторот што го направи Израелевиот дом и Јудиниот дом, кадејќи му на Ваала, за да Ме разгневат Мене. 18 Господ ми објави, па знам! Господи, тогаш Ти ми ги откри нивните сплетки. 19 А јас бев како кротко јагне, што го водат на колење и не претчувствував дека против мене кројат пакосни замисли. „Да го уништиме дрвото со неговите плодови; да го откорнеме од земјата на живите, за да не му се спомнува никогаш веќе името!” 20 Но Ти, Господи над Војските, Кој судиш праведно, Кој ги испитуваш срцето и бубрезите, дај ми да видам како им се одмаздуваш ним, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница. 21 „Затоа Господ над Воинствата зборува против луѓето во Анатот, кои што ми работат спроти глава и зборуваат: ‘Не пророкувај веќе во Господово Име, за да не загинеш од нашата рака!’ 22 Господ над Војските зборува вака: ‘Еве, Јас ќе ги казнам. Нивните младинци ќе загинат од меч, синовите и ќерките ќе изумрат од глад. 23 Ни Остатокот не ќе остане кога ќе им ја донесам несреќата на луѓето во Анатот во годината на нивната казна.’”
1 Преправеден си, Господи, за да можам да се судам со Тебе: Само едно би расправил со Тебе: Зошто е злосторничкиот пат успешен? Зошто подмолниците уживаат мир? 2 Ти ги посади, а тие се вкоренеа, растат и донесуваат плод. Но Ти си близу само до нивната уста, а далеку си од нивните срца. 3 Но Ти, Господи, ме познаваш мене и ме гледаш; го испита моето срце, тоа е со Тебе. Одведи ги како јагниња на колење, запази ги за денот на колежот. 4 До кога ќе тагува земјата, до кога ќе се суши тревата по сето поле? Заради нечесноста на нејзините жители пцовисуваат добитокот и птиците! Зашто зборуваат: „Господ не ги гледа нашите патишта.” 5 Ако се уморуваш трчајќи со пешаците, како ќе се тркаш со коњите? Кога имаш надеж во мирната земја, како тогаш ќе врвиш низ јорданските шумки? 6 Зашто и твоите браќа и домот на твојот татко се дволични кон тебе! И тие те оцрнуваат зад грб со сета уста. Не верувај им кога ти зборуваат милно. 7 Го оставив својот дом, го напуштив своето наследство; возљубеницата на своето срце ја дадов во рацете на нејзините непријатели. 8 Моето наследство стана за мене како лав во гората. Зарика на мене, затоа го замразив. 9 Зар е моето наследство шарена птица околу која другите слетуваат отсекаде? Ајде, соберете се, сите диви ѕверови, дојдете да јадете. 10 Мнозина пастири го запустија моето лозје, го изгазија мојот дел; моето мило наследство го претворија во гола пустина, 11 го претворија во запустеност, жалосна пустина е пред мене. Сета земја е пуста зашто никој не го зема тоа при срце. 12 Преку сите пустински голини, се нафрлија разурнувачи. Зашто во Господа е мечот што голта: од едниот крај на земјата до другиот нема мир за ниедно тело. 13 Сееја пченица, а пожнееја трње: се исцрпија без полза. Се срамат од својот производ, сè заради Господовата јарост.” 14 Господ зборува вака: „За сите Мои лоши соседи, кои напаѓаа на наследството што Му го дадов на Мојот народ Израел, Јас ќе ги откорнам од нивната земја. Но Јудиниот дом ќе го истргам од нивна средина. 15 А кога ќе ги откорнам, пак ќе им се смилувам и ќе ги поведам назад, секого во наследството и во земјата негова. 16 Па, ако навистина ги научат патиштата на Мојот народ и ако почнат да се заколнуваат во Моето Име - ‘Живиот ми Господ’ - како што го учеа Мојот народ да се заколнува во Ваала, тогаш пак ќе се настанам среде Мојот народ. 17 Ако пак не послушаат, тогаш таквиот народ потполно ќе го откорнам и ќе го сотрам,” зборува Господ.
1 Господ ми зборува вака: „Оди и купи си ленен појас и опаши го околу крстот. Ама не го наквасувај во вода.” 2 И купив појас според Господовото слово и ја опашав половината. 3 И по вторпат ми дојде Господовото слово: 4 „Земи го појасот што го купи и со кого се опаша, крени се, оди до реката Еуфрат и скриј го таму во пукнатината на пештерата.” 5 И отидов и го скрив покрај Еуфрат, како што ми заповеда Господ. По многу дни Господ ми рече: 6 „Стани, оди при Еуфрат па извлечи го оттаму појасот за кој ти заповедав да го скриеш таму.” 7 Отидов при Еуфрат, го извлеков и го зедов појасот од местото каде што го скрив, и ете: појасот гнил, не беше веќе за ништо. 8 Тогаш ми дојде Господовото слово: 9 „Господ зборува вака: ‘Така ќе ја уништам силната горделивост на Јудеја и Ерусалим. 10 Тој опак народ што не ги слуша Моите зборови, туку го следи своето закоравено срце и трча по други богови за да им служи и за да им се клања, ќе стане како твојот појас што веќе не е за ништо. 11 Зашто како што појасот се долепува до човековите бедра, така сакав сиот Израелов дом и сиот Јудин дом да се долепи до Мене - зборува Господ - за да бидат Мој народ, Мој добар глас, Моја гордост, Моја слава и чест. Но не послушаа!’ 12 Речи му на тој народ: ‘Секоја врчва се полни со вино. А тие ќе ти приговорат: ‘Зар можеби не знаеме дека секоја врчва се полни со вино?’ 13 Тогаш речи им: ‘Господ зборува вака: „Еве ќе ги наполнам со пијаност сите жители на оваа земја, царевите кои седат на Давидовиот престол, и свештениците, и пророците, сите ерусалимски жители! 14 Ќе ги удрам еден со друг, татковците со синовите - зборува Господ. Ќе ги уништам без сомилост, без милосрдие и без смилување.”‘“ 15 Послушајте, чујте добро, оставете ја гордоста: Господ зборува сега! 16 Дајте Му слава на Господа, својот Бог, пред да се смрачи, пред вашите нозе да се сопнат во мрачните планини. Вие и се надевате на светлината, а Тој ќе ја претвори во мрак, ќе ја измени во црна темнина! 17 Ако не го послушате ова, душата ќе ми плаче постојано заради вашата гордост, солзи ќе рони, окото ќе ми лее солзи, зашто Господовото стадо заминува во ропство. 18 Речи им на царот и на царицата-мајка: „Седнете длабоко долу зашто венецот на славата падна од вашите глави.” 19 Градовите на Негев се затворени, и нема никој да ги отвори. Сета Јудеја е во ропство, сосем поробена! 20 Подигни ги очите, Ерусалиме, и погледај ги оние што навлегуваат од Север. Каде е стадото што ти е доверено, твоите славни овци? 21 Што ќе речеш кога ќе ти се наметнат како твои господари оние што самиот ги научи за да те водат како љубовници. Нема ли да те опфаќаат болки како родилката? 22 Можеби тогаш ќе се прашаш: „Зошто ме снајде тоа?” Заради многуте твои беззаконија ги открија твоите скутови, направија насилство над тебе. 23 Може ли Етиопецот да ја измени својата кожа? Или леопардот своето крзно? А вие, можете ли да правите добро, свикнати да правите зло? 24 „Затоа ќе ве распрснам како плева, што ја разнесува пустинскиот ветер. 25 Тоа е твојата судбина и дел што ти е одмерен, говори Господ, зашто Ме заборави Мене и се надеваше во лага. 26 Самиот ќе ти ја поткренам облеката од лицето за да се види твојата голота. 27 Сите твои прељуби, сите твои врескања и твоето бессрамно блудничење, врз горите, во полињата, ги видов твоите грозотии. Тешко тебе, Ерусалиме! Уште не се очисти и уште до кога ќе трае тоа...?”
1 Господовото слово на Еремија за големата суша: 2 „Јудеја рида во тага и гинат нејзините градови, мрачно лежат на земјата, викот на Ерусалим се издига до небото. 3 Првенците испраќаат слуги по вода: доаѓаат до кладенците, ама не наоѓаат вода, се враќаат со празни врчви, посрамени, засрамени, ја покрија својата глава. 4 Земјата сета испука зашто нема дожд. Земјоделците се засрамија, ги покрија главите. 5 Па и срната во полето го остава младото зашто нема трева. 6 Дивите ослиња, стоејќи на голините, збиваат како шакал, очите им се изнемоштени зашто нема трева.” 7 Нашите беззаконија сведочат против нас, смилувај се, о Господи, заради Своето Име! Зашто отпаднавме од Тебе, згрешивме против Тебе. 8 О Израелева Надеж, негов Спасител во деновите на неволја! Зошто си како странец во оваа земја, како патник што се навратил за да преноќува? 9 Зошто си како исплашен човек, како јунак што не може да помогне, ние се викаме со Твоето Име - немој да нè оставиш! 10 Господ зборува вака за овој народ: „Да, тие сакаат да скитаат и не си ги штедат нозете, и затоа Господ не ги сака. И сега си спомнува за нивните беззаконија и ги казнува нивните гревови.” 11 И Господ ми рече: „Не барај милост за овој народ. 12 Ако и да постат, нема да ги послушам нивните молења и коленичења. Ако и да принесат паленици и принос, не ќе ми замилеат. Зашто со меч, со глад и со помор Јас ќе ги затрам.” 13 Тогаш реков: „Ах, Господи, Боже! Ене, пророците им зборуваат: ‘Нема да видите меч, ниту ќе има глад во вас, туку ќе ви дадам постојан мир во ова место.’” 14 А Господ ми рече: „Тие пророци пророкуваат лага во Мое Име; ниту ги испратив, ниту им дадов некаков налог - Јас и не им зборував. Тие ви пророкуваат лажни виденија, празни гатања и соништа на своето срце. 15 Затоа Господ зборува вака: ‘Тие пророци што пророкуваат во Мое Име, а Јас не ги испратив, па зборуваат дека ќе нема ни меч ни глад во оваа земја, самите ќе загинат од меч и од глад. 16 А овој народ, кому му пророкуваат, ќе лежи по ерусалимските улици, покосен од меч и од глад, и не ќе има човек за да ги закопа: нив, нивните жени, синовите и ќерките нивни. Така ќе го излеам врз нив нивното зло.’ 17 А ти речи им вака: ‘Моите очи нека ронат солзи дење и ноќе, и нека не престанат, зашто е поразена страшно девицата, ќерката на мојот народ, со необично лута рана. 18 Ако отидам во полето, еве истепани со меч! Ако се вратам во градот, еве ги изнемоштените од глад! Па и пророците и свештениците заминаа во земја непозната.’” 19 Та зар сосем ја отфрли Јудеја? Зар Сион и се замрази на Твојата душа? Зошто нè биеш така та веќе ни лек нема? Се надевавме на мир, но нема добро, го чекавме времето на оздравувањето, ама еве го ужасот! 20 О Господи, ја признавме својата безбожност, беззаконијата на своите татковци; навистина, Тебе Ти согрешивме! 21 Не отфрлај нè, заради Своето Име, не срами го престолот на Својата Слава, спомни си и не го раскинувај Својот Завет со нас! 22 Зар безбожничката суета дава дожд? Или зар небесата сами врнат? Зар не го даваш Ти тоа, Господи, Боже наш? Затоа се надеваме во Тебе, зашто Ти го правиш сè тоа.
1 И Господ ми рече: „Кога и Мојсеј и Самоил би застанале пред Мене, Мојата душа не би се обратила кон тој народ. Ги изгонив од пред Моето лице, нека си одат од Мене! 2 Ако те прашаат: ‘Каде да одиме?’ одговори им: ‘Господ зборува вака: „Кој е за смрт, во смрт! Кој е за меч, под меч! Кој е за глад, во глад! Кој е за заточение, на заточение!”‘ 3 Ќе испратам врз нив четири неволи - зборува Господ: меч за да ги убива, пси за да ги раскинуваат, небесни птици и ѕверовите за да ги јадат и сотираат. 4 И ќе ги направам ужас за сите земни царства, и тоа заради Манасиј, синот Езекиин, јудејскиот цар - за сите зла што ги направи во Ерусалим. 5 Кој да ти се смилува тебе, Ерусалиме, кој да те пожали? Кој ли ќе се наврати да те праша како ти е? 6 Ти Ме отфрли - зборува Господ - и ми ги сврте плеќите, и затоа на тебе ја кренав погубувачката рака. Ми здодеа да ти опростувам секогаш! 7 Затоа ќе ги извеам со веалка на вратата на оваа земја. Ќе го лишам Мојот народ од деца и ќе Го истребам, зашто не се одвраќа од своите патишта. 8 Во нив ќе има повеќе вдовици отколку морски песок. Против мајките на младите воини ќе го доведам погубувачот, среде пладне, и ќе пуштам врз нив одненадеж ужас и стравотија. 9 Се онесвести родителката на седум деца, ја испушти душата. Сонцето и зајде уште преку денот: посрамена, засрамена е. А што ќе остане од нив, ќе ги фрлам под меч пред нивните непријатели” - слово е Господово. 10 Тешко мене, мајко, што си ме родила, за да се спорам и препирам со сета земја. Никому не му дадов заем, од никого не зедов заем, а сепак сите ме проколнуваат. 11 Господ рече: „Навистина ќе те поткрепам за добро; навистина ќе направам непријателот да ти се моли, во доба на невола, во деновите на неговата тешкотија? 12 Може ли да се скрши железото, железото од Север и бронзата? 13 Твоето богатство и твоето благо ќе ги предадам на грабеж. Така ќе платиш за сите свои беззаконија по сета земја. 14 Ќе те направам робје на непријателите, во земја што не ја познаваш, зашто Мојот гнев пламна со оган што ќе ве изгори, што ќе избувне против вас.” 15 Господи, спомни си за мене и посети ме, и казни ги моите гонители. Не давај да пропаднам поради спороста на Твојот гнев! Спомни си дека заради Тебе поднесувам срам. 16 Кога ми дојдоа Твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце. Зашто се викав со Твоето Име, о Господи, Боже над Воинствата. 17 Никогаш не седев во друштво на потсмевачи за да се развеселам. Осамен живеам под тежината на Твојата рака, зашто Ти ме проникна со јарост. 18 Зошто е мојата болка без пребол? Зошто е мојата рана неисцерива и никако да зарасти? Ах! Сакаш ли мене да ми бидеш како измамлив поток, со непостојани води? 19 Затоа Господ зборува вака: „Ако се вратиш, ќе те пуштам да Ми служиш пак; ако го оддвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш Моја уста. Тие ќе се свртат кон тебе, но ти затоа не смееш да се завртиш кон нив! 20 Ќе направам од тебе за овој народ ѕид од бронза, непреземлив. Ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат зашто Јас Сум со тебе, за да те спасам и за да те избавам - зборува Господ. 21 Ќе те избавам од рацете на злосторниците и ќе те откупам од рацете на силниците.”
1 И ми дојде Господовото слово и рече: 2 „Не земај жена за себе; и немај ни синови ни ќерки на ова место.” 3 Зашто Господ зборува вака за ќерките и синовите што ќе се родат на ова место, и за мајките што ќе ги раѓаат, и за татковците кои ќе ги имаат во оваа земја: 4 „Тие ќе умираат со непреболна смрт, никој не ќе ги оплачува, ниту ќе ги погребе. Ќе се претворат во гној за ораниците, ќе изгинат од меч и од глад, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови.” 5 Да, Господ зборува вака: „Не смееш да влезеш во куќата на жалост, не оди да тажиш ниту да ги сожалуваш. Зашто Јас Му го скусив Својот мир на тој народ - зборува Господ - љубовта и сомилоста. 6 Ќе изумре големото и малото во оваа земја и никој не ќе ги закопа. Никој не ќе тажи над нив, ниту ќе прави зарези заради нив, ниту ќе ја стрижи косата. 7 За оној во жалоста не ќе раскшуваат леб, за да го утешат заради покојникот, ниту некој ќе му подаде чаша на утеха заради смртта на неговиот татко или на неговата мајка. 8 Не влегувај во куќа каде што прославуваат за да седиш со нив и за да се гостиш.” 9 Зашто вака зборува Господ над Восјките, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да ги снема од ова место и пред вашите очи и во овие денови воскликнувањата на радост и веселба, и гласовите на младоженецот и на невестата. 10 А кога ќе му ги објавиш на народот сите овие зборови, па те прашаат: ‘Зошто Господ ни се закани со сета оваа голема несреќа; во што е нашето злосторство и во што се нашите гревови што ги направивме против Господа, нашиот Бог?’ 11 Тогаш одговори им: ‘Во тоа што вашите татковци Ме оставија - говори Господ - и трчаа по туѓите богови за да им служат и за да им се клањаат, а Мене Ме оставија и не го запазија Мојот Закон. 12 А вие направивте уште полошо од вашите татковци, зашто еве, секој се поведува по закоравеноста на своето лошо срце, а Мене не Ме слуша. 13 Затоа ќе ве истерам од оваа земја во земја што ви е непозната, како што им беше и на вашите татковци. Таму ќе им служите на туѓи богови дење и ноќе; зашто веќе нема да ви се смилувам!’ 14 Затоа, еве, доаѓаат дни - говори Господ - кога веќе не ќе се зборува ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Египетската Земја,’ 15 но ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Северната Земја и од сите земји, во кои ги протера;’ зашто ќе ги вратам во нивната земја, што им ја дадов на нивните татковци. 16 Еве, ќе испратам многу рибари - говори Господ - кои ќе ги уловат. А потоа ќе доведам многу ловци, кои ќе ги гонат од сите гори, и од сите брежиња, и од сите пештерски цепнатини. 17 Зашто Моите очи ги следат сите нивни патишта: нема да избегаат, ниту нивното беззаконие може да се скрие од Моите очи. 18 Двојно ќе им ги наплатам нивното беззаконие и нивните гревови, зашто со труповите на своите грозотии ги осквернија Мојата земја и Моето наследство го исполнија со гнасости.” 19 Господи, сило моја и тврдино моја, прибежиште мое во деновите на неволја! Кај Тебе ќе дојдат народите од краиштата на земјата. И ќе зборуваат: „Нашите татковци ни оставија само лага, ништожество и немоќ.” 20 Та создава ли човекот сам за себе богови, тоа никако не се богови. 21 „Еве, ќе направам да почувствуваат, овој пат навистина да ја познаат Мојата рака и Мојата сила, и ќе знаат дека Името Ми е Господ.
1 Јудиниот грев е запишан со железна писалка, врезан со дијамантски врв во плочката на нивното срце, и во роговите на нивните жртвеници, 2 како спомен за нивните синови на нивните жртвеници и на нивните ашери околу зелените дрвја по високите брежиња, 3 на ридовите и среде полињата. Твоето богатство и сето твое благо ќе ги предадам на грабеж. Така ќе платиш за својот грев по сета земја. 4 Ќе треба да го оставиш наследството што тебе ти го подарив. Ќе те направам робје на непријателите во земја што не ја познаваш. Зашто Мојот гнев пламна со оган што ќе гори вечно.” 5 Господ зборува вака: „Проклет да биде човек, кој се надева на човек и слабото тело го смета за своја мишка, и чие срце се одвратува од Господа. 6 Зашто тој е како трње во пустината: не чувствува кога е среќата близу, ги престојува деновите во исушената пустина, во солена, ненаселена, земја. 7 Благословен да биде човек, кој се надева во Господа, и кому Господ му е надеж. 8 Сличен е на дрво засадено покрај вода што ги пушта корењата кон потокот: не треба да се плаши од ништо кога ќе дојде жегата, на него зеленилото останува секогаш. Во сушна година не се грижи, не престанува да донесува плод. 9 Поизмамливо од сè е срцето, и е страшно болно, кој може да проникне во него? 10 Јас, Господ, ги истражувам срцата и ги испитувам бубрезите, за да му дадам секому според неговото поведение, според плодот на неговите раце. 11 Потполошка што лежи на јајцата а не изведува е оној што со неправда придобива богатство: во средината на своите дни треба да го остави и на крајот останува безумник.” 12 Славен престол издигнат од дамнина, тоа е нашето свето место. 13 О Господи, надеж на Израел, сите кои што Те оставаат ќе се засрамат, кои ќе се одметнат од Тебе ќе бидат запишани во прав, зашто го оставија Изворот на живата вода.” 14 Исцели ме, Господи, и ќе бидам здрав, спаси ме, и ќе бидам спасен, зашто Ти си моја пофалба. 15 Еве ги што ми зборуваат: „Каде е Господовиот збор? Нека се исполни!” 16 Та јас не се меткав околу Тебе за нивната несреќа, ниту сакав кобен Ден! - Ти го знаеш тоа, сè што излезе од мојата уста пред Тебе е. 17 Не ми биди за ужас Ти, прибежиште мое, во несреќниот Ден. 18 Нека се засрамат моите гонители, а не јас, растрепери ги нив, а не мене. Доведи го врз нив несреќниот Ден, сотри ги со двојно сотрување! 19 Господ ми рече вака: „Отиди и застани на вратата на Синовите на народот низ која влегуваат и излегуваат јудејските цареви, и на сите ерусалимски врати. 20 Речи им: ‘Чујте го Господовото слово, вие, јудејски цареви и сите Јудејци и Ерусалимци, кои поминувате низ овие врати. 21 Господ зборува вака: „Чувајте се ако ви е мил животот, и не носете товар во саботен ден, и не внесувајте го низ ерусалимските врати. 22 И не изнесувајте бремиња од куќата во саботен ден, и не работете никаква работа, туку празнувајте го саботниот ден, како што им заповедав на вашите татковци. 23 Тие не Ме послушаа и не го приклонија своето уво, туку не послушаа закоравено и не ја прифатија науката. 24 А вие, ако Ме послушате - зборува Господ - и ако не носите товари низ вратите на овој град, туку ако го празнувате саботниот ден, не работејќи никаква работа, 25 тогаш низ вратите на овој град ќе влегуваат царевите и кнезовите, кои што седат на Давидовиот престол, кои се возат во коли и јаваат на коњи, тие и нивните првенци, Јудејци и Ерусалимци, и овој град ќе остане довека. 26 И ќе доаѓаат од јудејските градови, од околината на Ерусалим, од Венијаминовата Земја и од Шефел, од Горјето и од Негев, за да принесат паленици, жртви, лебни приноси и кадење, и за да принесат жртва благодарница во Господовиот Дом. 27 Но ако не Ме послушате, та не го празнувате саботниот ден и ако носите бремиња влегувајќи низ ерусалимските врати во саботниот ден, тогаш ќе потпалам оган во неговите врати: и пламенот ќе ги голтне ерусалимските дворци, и не ќе угасне.”‘“
1 Ова е словото што Господ му го упати на Еремија: 2 „Стани и слези во грнчаровата куќа - таму ќе ти ги објавам Своите зборови.” 3 И така, слегов во грнчаровата куќа, токму работеше на грнчарското колце. 4 И штом ќе се расипеше во грнчаровата рака садот што би го направил од глина, тој пак правеше од неа друг - како што ќе му се свидеше на грнчарот да направи. 5 И ми дојде Господово слово: 6 „Не можам ли и Јас да правам со вас како овој грнчар, Израелев дому? - зборува Господ. Еве како глината во грнчаровата рака, и вие сте во Мојата рака, Израелев дому. 7 Ако Му објавам на некој народ или на некое царство дека ќе го откорнам, уништам и разурнам, 8 и ако тој народ, против кого Сум зборувал, се обрати од своите нечесности, тогаш ќе се покајам за злото што му го бев наменил. 9 Ако Му објавам на некој народ, или на некое царство, дека ќе го изградам и посадам, 10 а тој почне да прави што е зло во Моите очи, не слушајќи го Мојот глас, ќе се покајам за доброто што им го ветив. 11 Затоа сега речи им на Јудејците и на Ерусалимците: ‘Господ зборува вака: „Еве, ви подготвувам зло и смислувам замисли против вас. И така, вратете се, секој од својот лош пат и поправете ги своите патишта и своите дела.”‘“ 12 Но тие велат: „Напразно! Ние со поголема желба ќе ги спроведуваме своите замисли и ќе правиме секој според закоравеноста на своето зло срце.” 13 Затоа, Господ зборува вака: „Распрашајте се по народите, дали некој чул нешто такво? Толкава грозота направи Израелевата девица. 14 Го снемува ли од горските стрмнини ливанскиот снег? Можат ли да пресушат далечните води што течат студени? 15 А Мојот народ Ме заборави Мене! Му принесуваат кадење на ништожеството, се сопнуваат на своите патишта, на древните патеки и одат по врвиците и по непроодниот пат. 16 И така ја претворија земјата во запустеност, во вечно потсмевнување, за да се згрозува над неа секој минувач мавтајќи со главата. 17 Ќе ги размавтам пред непријателот, како источниот ветер; плеќите, а не лицето, Јас ќе им ги покажам во денот на нивната пропаст.” 18 И рекоа: „Ајде, да се заговориме против Еремија, зашто на свештеникот не може да му го снема Законот, ни на мудриот советот, ни на пророкот беседата. Ајде, да го удриме со јазикот и да внимаваме будно на секој негов збор.” 19 Послушај ме, о Господи, и чуј што зборуваат моите противници. 20 Та зар се враќа со зло за добро? А тие ми копаат јама! Спомни си како стоев пред Твоето лице, за да барам кај Тебе милост за нив, за да ја одвратам од нив Твојата јарост. 21 Затоа предај им ги нивните деца на гладот, предај ги на мечот! Жените нека им останат неплодни и вдовици, поморот нека им ги погуби мажите, а младинците нека загинат од меч во војна. 22 Нека се чуе вик од нивните куќи кога одненадеж ќе доведеш против нив грабечки полкови. Зашто тие ископаа јама, за да ме фатат, на моите нозе потајно им наместија примки. 23 О Господи, Ти го знаеш сиот нивни убиствен наум против мене. Не им ги проштавај нивните беззаконија, не им ги избришувај гревовите пред Себе. Нека паднат пред Твоето лице, пресметај се со нив во денот на Својот гнев!
1 Господ ми рече вака: „Отиди и купи глинена врчва. Поведи со себе неколку народни и свештенички старешини. 2 Појди во Долината Бен Еном, на влезот на Грнчарската Врата. Таму разгласи го зборот што ќе ти го речам. 3 Речи им: ‘Чујте го Господовото слово, јудејски цареви и ерусалимски жители. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Еве, доведувам несреќа на ова место, та на сите што ќе го чујат тоа ќе им заѕуни во ушите. 4 Затоа што Ме оставија и го оттуѓија ова место кадејќи им на туѓи богови, што не ги познаваа нивните татковци ни јудејските цареви; и затоа што го натопија ова место со крвта на невините; 5 и затоа што ги изградија Вааловите високи места, за да му ги спалуваат синовите како жртви, а тоа Јас никогаш не им го наредив ниту заповедав, ниту пак Ми падна на ум нешто такво. 6 Затоа, еве, доаѓаат денови - зборува Господ - кога ова место не ќе се вика веќе Тофет, ниту Долина Бен Еном, туку Долина на Колеж. 7 Ќе ја осуетам на ова место намислата на Јудеја и на Ерусалим и ќе направам сите да загинат од непријателски меч, од рацете на оние што им работат спроти главата. А нивните трупови ќе им ги дадам за храна на небесните птици и на полските ѕверови. 8 А овој град ќе го направам презир и ужас: секој што ќе помине покрај него ќе се згрози и ќе свирка заради сите негови несреќи. 9 И ќе им дадам да го јадат месото на своите синови и ќерки. Да, секој ќе го јаде месото на својот ближен заради претешката неволја со која ќе ги притиснат нивните непријатели, што им работат спроти главата.”‘ 10 Скрши ја врчвата пред очите на своите придружници 11 и речи им: ‘Вака зборува Господ над Војските: „Така ќе ги скршам овој народ и овој град, како што се крши грнчарски сад, та веќе не може да се поправи. Ќе се закопуваат во Тофет, зашто инаку не ќе има места за закопување. 12 Така ќе постапам со ова место - зборува Господ - и со неговите жители. И ќе го направам овој град сличен на Тофет. 13 И сите ерусалимски куќи и куќите на јудејските цареви ќе бидат нечисти како Тофет: сите куќи на чии покриви и се кади на сета небесна војска и им се излеваат налевници на туѓите богови.”‘“ 14 Кога Еремија се врати од Тофет, каде што Господ го беше испратил за да пророкува, застана во дворот на Господовиот Дом, па почна да му зборува на сиот народ: 15 „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе го доведам врз овој град и врз сите негови гратчиња сето зло со кое што им се заканував, зашто ги закоравија своите вратови не слушајќи ги Моите зборови.’”
1 А свештеникот Пасхор, синот Имиров, врховен надгледувач на Господовиот Дом, чу како Еремија ги пророкува тие зборови. 2 И Пасхор го предаде Еремија да го бијат и го фрли во кладите што се наоѓаа кај горната Венијаминова Врата, а се во Господовиот Дом. 3 А кога утреден Пасхор го извади Еремија од кладата, Еремиј му рече: „Господ веќе не те вика Пасхор, туку ‘Ужас Отсекаде.’ 4 Зашто вака зборува Господ: ‘Еве те предавам на ужас, тебе и сите твои пријатели, и ќе загинеш од мечот на своите непријатели, со свои очи ќе видиш. И сета Јудеја ќе ја дадам во рацете на вавилонскиот цар. Тој ќе ги одведе на заточение во Вавилон и со меч ќе ги погуби. 5 И сето богатство на овој град, сиот негов - со труд спечален - имот и сите скапоцености, и сето благо на јудејските цареви, ќе ги предадам во рацете на непријателите. Тие ќе ограбуваат сè, ќе ограбат и ќе однесат во Вавилон. 6 А ти, Пасхор, ќе се преселиш во Вавилон со сите свои домашни. Да, ќе дојдеш во Вавилон и таму ќе умреш и ќе бидеш погребан, ти и сите твои пријатели на кои што им пророкуваше лаги.’” 7 Ти ме заведе, о Господи, и оставив да бидам заведен; Ти си посилен од мене и ме совлада. А сега сум им на сите за потсмев од ден во ден, секој ме исмејува. 8 Зашто штом ќе проговорам, треба да викам, треба да навестувам: „Насилство! Пропаст!” Навистина Господовото слово ми стана за презир и за потсмев цел ден. 9 И реков во себеси: „Веќе не ќе мислам на Него, ниту ќе зборувам во Негово Име.” Но тогаш во моето срце беше како распламенат оган запретан во моите коски: напразно се трудев да издржам, не можев веќе. 10 Чув многу клевети: „Ужас отсекаде! Пријавете! Ние ќе го пријавиме!” Сите кои што ми беа пријатели го чекаа моето паѓање. „Можеби ќе го заведеме, па ќе завладееме со него и ќе му се одмаздиме нему!” 11 Со мене е Господ како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу заради поразот, заради незаборавениот вечен срам. 12 О Господи над Силите, Кој проникнуваш во праведникот и му ги гледаш бубрезите и срцето, дај ми да видам како им се одмаздуваш, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница. 13 Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Тој ја избави душата на бедниот од рацете на злосторниците. 14 Проклет да биде денот кога се родив, денот кога ме роди мојата мајка, да не биде благословен! 15 Проклет да биде човекот кој му соопшти на мојот татко: „Ти се роди син, машко!” и со тоа го зарадува татка ми. 16 На тој човек да му биде како на градовите, што Господ ги разурна без жал; туку во самата зора да чуе вик за помош и бојни викотници на пладне, 17 зашто не ме погуби во мајчината утроба, за да ми беше мајка ми мој гроб, за да и останеше утробата трудна довека! 18 О зошто излегов од мајчиното крило? За да гледам јад и неволја, и за да ги довршам деновите во срам!
1 Словото што Господ му го упати на Еремија кога царот Седекија ги испрати кај него Пасхора, синот Мелхиин, и Софониј, синот Масиин, со пораката: 2 „Ајде, прашај Го Господа за нас, зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, завојува против нас; можеби Господ пак ќе направи чудо со нас, па непријателот ќе се повлече пред нас.” 3 Еремиј им рече: „Речете му вака на Седекија: 4 ‘Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Ќе го повлечам оружјето, што е во вашите раце, со кое се борите против вавилонскиот цар и Халдејците, кои што ве напаѓаат вон ѕидовите, и ќе го соберам среде овој град. 5 И Самиот ќе се борам против вас со испружена рака и со силна мишка, во расрденост и во гнев и во голема јарост. 6 И со страшен помор ќе ги удрам жителите на овој град, луѓето и животните, и ќе изумрат. 7 Потоа, говори Господ - ќе ги предадам: Седекија, јудејскиот цар, и неговите слуги и народот, и сите оние што останаа во тој град после поморот, мечот и гладот, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, во рацете на нивните непријатели и во рацете на оние кои што им работат спроти главата; тој ќе ги исече со острилото на мечот без сомилост, без милосрдие и без смилување.”‘ 8 А на овој народ речи му: ‘Господ зборува вака: „Еве ги ставам пред вас патот на животот и патот на смртта. 9 Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, глад и помор. А кој ќе излезе, та им се предаде на Халдејците кои ве опсадуваат, ќе го спаси животот - животот ќе му остане како плен. 10 Зашто, му го завртив Своето лице против овој град на зло, а не на добро - говори Господ - и ќе му биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган.”‘ 11 На царскиот дом на Јудеја: ‘Чујте го Господовото слово, 12 Давидов доме! Господ зборува вака: „Судете праведно секое утро, избавете ги угнетуваните од рацете на угнетувачот, или Мојот гнев ќе пламне како оган, ќе се распали неугасливо заради вашите зли дела. 13 Еве Ме против тебе кој живееш на Долинската Пештера - зборува Господ, против вас кои велите: ‘Кој може да се нафрли против нас, кој може да продре во нашите живеалишта?’ 14 Но Јас ќе ви платам според плодот на вашите дела - зборува Господ. - ќе и подметнам оган на неговата гора, и ќе проголта сè околу неа!”‘“
1 Господ зборува вака: „Слези во дворецот на јудејскиот цар и објави го таму ова слово. 2 Речи: ‘Слушај го Господовиот збор јудејски цару, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и твојот народ што влегуваат низ оваа врата. 3 Господ зборува вака: „Правете правосудство и правда, избавете ги угнетуваните од рацете на угнетувачите! Не правете им неправда на странецот, на сирачето, на вдовицата, не ги угнетувајте, и не пролевајте невина крв на ова место. 4 Зашто ако се владеете вистински според овој збор, низ вратата на овој дворец ќе влегуваат царевите што седат на Давидовиот престол, што се возат во коли и што јаваат на коњи - тие, нивните слуги и нивниот народ. 5 Ако пак не ги послушате овие зборови, се заколнувам во Себе - говори Господ - дека тој дворец ќе го претворам во урнатина!”‘“ 6 Зашто Господ зборува вака за дворецот на јудејскиот цар: „Ти си за Мене Галад, ливански врв. Но, навистина, ќе те претворам во пустина, во ненаселен град. 7 Ќе подготвам против тебе истребители, секого со неговото оружје, нека ги исечат твоите избрани кедри и нека ги фрлат во оган. 8 Многу народи ќе поминуваат покрај тој град и едниот ќе го праша другиот: ‘Зошто постапи Господ така со овој голем град?’ 9 Ќе им одговорат: ‘Зашто го оставија Заветот на Господа, својот Бог, им се поклонуваа на други богови и им служеа.’” 10 Не плачете за умрениот, не ридајте по него. Подобро плачете за оној кој си заминува, зашто никогаш веќе нема да се врати, ниту да ја види родната земја. 11 Зашто Господ зборува вака за Салум, синот Јосиин, јудејскиот цар, кој царуваше после својот татко и требаше да си отиде од своето место: „Никогаш веќе нема да се врати, 12 туку ќе умре во местото каде што го заробија, а оваа земја никогаш веќе нема да ја види. 13 Горко му на оној кој гради куќа неправедно, и ги крева горните соби без право; кој го тера ближниот на работа и не му ја исплатува платата; 14 кој вели: ‘Ќе си изградам за себе пространа куќа и проѕирни горни соби!’ Кој отвора прозорци, ги обложува со кедровина обоена црвено. 15 Дали си затоа цар дека се фалиш со кедар? Нели татко ти јадеше и пиеше, но правеше правосудство и правда, и затоа му беше добро. 16 Го бранеше правото на сиромашниот и на јадникот, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа да Ме познава Мене? - зборува Господ. 17 Но твоите очи и срцето одат само по печалба, за да пролеваш невина крв, за да правиш насилство и угнетување.” 18 Затоа Господ зборува вака за Јоаким, синот Јосиин, царот јудејски: „По него нема да тажат: ‘Леле, брате мој! Леле, сестро моја!’ По него нема да тажат: ‘Леле, господару! Леле, величество!’ 19 Ќе го закопаат како осле, ќе го извлечат и ќе го фрлат надвор од вратите на Ерусалим. 20 Искачи се на Ливан и викај, нека се разнесува глас по Васан, нека бучи од Аварим, зашто се скршени сите твои пријатели! 21 Убаво те советував во мирните денови, но ти ми рече: ‘Не ќе слушам!’ Така се владееш од младоста: не го слушаш Мојот глас. 22 Сите твои пастири ветерот ќе ги испасе, а твоите љубовници ќе отидат во ропство. Тогаш ќе се срамиш и засрамуваш од сета своја пакост. 23 Ти што престојуваш на Ливан, ти што се загнездуваш по кедрите, како ли ќе стенкаш кога ќе те нападнат болките, болките на породилката. 24 Животот ми Мој - зборува Господ - кога Јехониј, синот Јоакимов, јудејски цар, би бил печат на Мојата десница, Јас би го истргал од прстот. 25 Ќе те дадам во рацете на оние, кои што ти работат спроти главата, во рацете на оние пред кои што трепериш, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и во рацете на Халдејците. 26 И ќе ве фрлам тебе и мајката, која те роди, во друга земја каде што не сте се родиле; таму ќе умрете. 27 Но во земјата за која што копнеат да се вратат, нема да се вратат! 28 Та зар тој човек Јехониј е презрен сад, скршен? Или сад што никому не му се свидува? Затоа беа протерани тој и потомството, заточени во земја што им е сосем непозната? 29 Земјо, земјо, земјо, послушај го Господовиот збор. 30 Господ зборува вака: ‘Запишете за овој човек: „Без деца.” Животот не му стана среќен. Никој од неговото потомство нема да седне на Давидовиот престол, ниту ќе владее над Јудеја.’”
1 „Тешко им на пастирите кои ги упропастуваат и ги распрснуваат овците на Моето пасиште” - говори Господ. 2 Затоа вака зборува Господ, Израелевиот Бог, против пастирите кои го пасат Мојот народ: „Вие ги распрснавте Моите овци, ги растеравте, не се грижевте за нив. Затоа сега Јас ќе се погрижам за вас заради вашите лоши дела - говори Господ. 3 И Самиот ќе го соберам Остатокот на Своите овци од сите земји, каде што Сум ги распрснал, и ќе ги вратам на нивните пасишта: ќе бидат плодни и ќе се размножуваат. 4 И ќе им подигнам пастири, за да ги пасат, та веќе не ќе се плашат од ништо, ниту ќе се загубуваат - говори Господ. 5 Еве доаѓаат денови - зборува Господ, ќе му подигнам на Давида праведен Подник. Тој ќе владее како Цар и ќе биде мудар, и ќе прави суд и правда во земјата. 6 Во неговите денови Јудеја ќе биде спасена, и Израел ќе живее спокојно. И еве Го името со кое ќе Го наречуваат: „ГОСПОД, НАША ПРАВДА.” 7 Затоа, еве, доаѓаат денови - зборува Господ - кога веќе не ќе се зборува: ‘Живиот ми Господ, Кој ги изведе Израелевите синови од Египетската Земја,’ 8 туку: ‘Живиот ми Господ, Кој потомството на Израелевиот дом го изведе и го доведе од Северната Земја и од сите земји, каде што ги беше протерал,’ така што ќе живеат во Својата земја.” 9 За пророците. Срцето во мене е скршено, ми треперат коските, сличен сум на пијаница, на човек кого виното го овладеа, пред лицето на Господа и пред Неговите свети зборови: 10 Зашто земјата е полна со прељубници; заради тие луѓе земјата се завитка во црно, а пасиштата изгореа. Нивната трка е злоба, а силата им е неправда. 11 „Да, и пророкот и свештеникот се лицемери: дури и во Својот Дом им најдов нечесност, говори Господ. 12 Затоа нивните патишта ќе им се претворат во лизгава почва: ќе се тетерават и ќе паѓаат во мракот. Зашто Јас ќе навалам врз нив несреќа во годината на нивната казна - говори Господ. 13 И во пророците на Самарија видов многу лудости: пророкуваат во Ваалово име и го заведуваат Мојот израелски народ. 14 Но во ерусалимските пророци видов стравотии: прељуба, измамливи патишта, ги поткрепуваат рацете на злосторниците, та никој не се одвратува од своите злостори. Сите тие Ми се како Содом, а жителите како Гомор! 15 И затоа Господ над Војските зборува вака за пророците: ‘Еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, зашто од ерусалимските пророци затече расипаноста во сета земја.’” 16 Вака зборува Господ над Воинствата: „Не слушајте ги зборовите на пророците: тие ве измамуваат, објавуваат виденија на своето срце, а не што доаѓа од Господовата уста; 17 им зборуваат на оние што го презираат Господовиот збор: ‘Ќе биде мир со вас!’ а на оние што го следат гласот на своето закоравено срце: ‘Никакво зло нема да ве најде!’” 18 Па кој беше на Господовото советување, кој виде, кој го слушаше Неговото слово, кој го сфатил та може да го објави? 19 Ете, Господова бура доаѓа со јарост, грозна бура, и паѓа врз безбожничките глави. 20 Господовиот гнев не ќе стивне, додека Тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце. Во последните денови тоа ќе го разберете јасно. 21 „Не ги испратив тие пророци, а сепак трчаат! Не им зборував, а сепак пророкуваат! 22 Да, ако беа на Моето советување, би му ги објавиле Моите зборови на Мојот народ, и би се обиделе да ги одвратат од нивниот лош пат и од нивните зли дела. 23 Та, зар Сум Јас Бог само од близу - говори Господ - зар од далеку веќе не Сум Бог? 24 Може ли некој да се скрие во тајни места та Јас да не го видам? - говори Господ. Не ги исполнувам ли Јас небото и земјата? - говори Господ. 25 Чув што зборуваат пророците, кои пророкуваат лаги во Мое Име и тврдат: ‘Сонував! Сонував!’ 26 До кога ќе ги има меѓу пророците оние, кои пророкуваат лага и ја објавуваат измамата на своето срце? 27 Мислат дека со своите соништа, што еден на друг си ги раскажуваат, дека ќе постигнат Мојот народ да го заборави Моето Име покрај Ваала! 28 Пророкот што сонувал сон, само нека го раскаже својот сон, а во кого е Мојот збор, нека го објавува според вистината Мојот збор! Што им е заедничко на сламата и житото? - говори Господ. 29 Не е ли мојот збор како оган - говори Господ - и не е ли сличен на млат што ја крши карпата? 30 Еве Ме затоа против пророците - говори Господ - кои еден на друг му ги крадат Моите зборови. 31 Еве Ме против пророците - говори Господ - кои што чукаат со јазикот и коват пророштва. 32 Еве Ме против пророците - говори Господ - кои што пророкуваат измислени соништа, и раскажувајќи ги го заведуваат Мојот народ со своите измислици и со лагите. А Јас не ги испратив, ниту им заповедав нешто, ниту му се на овој народ од некаква полза - зборува Господ. 33 А ако овој народ, или пророкот, или свештеникот, те праша: ‘Што е Господовото бреме?’ одговори им: ‘Вие сте Господовото бреме, и Јас ве отфрлам’ - зборува Господ. 34 А рече ли некој пророк или свештеник, или некој од народот: ‘Господово бреме,’ ќе ги казнам тој човек и неговиот дом. 35 Вака треба да му зборувате секој на својот ближен и секој на својот брат: ‘Што одговори Господ?’ или ‘Што рече Господ?’ 36 Но ‘Господовото бреме’ да не сте го спомнале веќе, зашто секому бреме е неговиот збор. Зашто вие ги искривувате зборовите на живиот Бог! 37 Речи му вака на пророкот: ‘Што ти одговори Господ?’ или ‘Што рече Господ?’ 38 Но ако речете ‘Господово бреме,’ вака зборува Господ: ‘Затоа што се служите со зборот „Господово бреме,” иако ви нарачав да не го изговарате, 39 Јас ќе го подигнам високо и ќе ги отфрлам од Своето лице вас и вашиот град, што ви го дадов вам и на вашите татковци! 40 И ќе навалам врз вас вечен срам и вечен подбив, што не ќе се заборави.”‘“
1 Господ ми покажа, и ете: две кошници смокви стоеја пред Господовиот Дом, откако Навуходоносор, вавилонскиот цар, ги одведе од Ерусалим и го заточи во Вавилон Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, заедно со јудејските кнезови, со ковачите и браварите. 2 Во една кошница беа многу добри смокви, какви веќе се ранките смокви; а во втората беа расипани смокви, толку лоши што не можеа да се јадат. 3 И Господ ме праша: „Еремија, што гледаш?” А јас одговорив: „Смокви! Добрите се многу добри, а лошите се многу лоши - толку лоши што не се за јадење.” 4 И ми дојде Господово слово: 5 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Како на овие добри смокви, така ќе погледам милостиво на јудејските заточеници, кои од ова место ги протерав во Халдејската Земја. 6 И милостиво ќе ги насочам очите кон нив и ќе ги вратам во оваа земја. Повторно ќе ги подигнам и не ќе ги уништам веќе; пак ќе ги посадам и не ќе ги откорнам веќе. 7 И ќе им дадам срце за да Ме познаат дека Јас Сум Господ, за да бидат Мој народ, а Јас нивни Бог, зашто тие пак ќе се обратат кон Мене со сето свое срце. 8 Но како со лошите смокви, што се толку лоши да не се за јадење - да, говори Господ, така ќе постапам и со Седекија, јудејскиот цар, со неговите кнезови и со сите Ерусалимци што останаа во оваа земја, и со оние што се населија во Египет. 9 Ќе направам да им бидат за ужас на сите земни царства, за срам и потсмев, за укор и за клетва насекаде каде што ќе ги изгонам. 10 И ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не се истребат од земјата што им ја дадов ним и на нивните татковци.’”
1 Слово упатено до Еремија за сиот јудејски народ, во четвртата година на Јоаким, син на јудејскиот цар Јосиј - тоа е во првата година на Навуходоносор, вавилонскиот цар. 2 Пророкот Еремија му го навести тоа слово на сиот Јудин народ и на сите Ерусалимци: 3 „Од тринаесеттата година на Јосиј, синот Амонов, јудејскиот цар, сè до денешниот ден, на оваа дваесет и трета година, ми доаѓаше Господовото слово, и јас ви зборував еднакво, ама не ме слушавте. 4 И Господ исто еднакво ги праќаше кај вас Своите слуги, пророците, но вие не слушавте и не ги приклонивте своите уши за да чуете. 5 И ви зборуваа: ‘Вратете се секој од својот лош пат и од своите зли дела, и останете во земјата што Господ ви ја даде вам и на вашите татковци за сите времиња; 6 и не одете по туѓите богови, за да им служите и за да им се поклонувате; и не Ме разгневувајте со делата на своите раце, па нема ништо да ви сторам за жал.’ 7 Ама не Ме послушавте - говори Господ - туку Ме разгневивте со делата на своите раце, за своја несреќа! 8 Затоа вака зборува Господ над Воинствата: ‘Затоа што не ги послушавте Моите зборови, 9 еве, Јас ќе ги испратам и ќе ги кренам сите народи од север - говори Господ - и Својот слуга Навуходоносор, вавилонскиот цар, и ќе ги доведам против оваа земја и против нејзините жители, и против сите околни народи; ќе ги истребам наполно и ќе ги направам за ужас и потсмев, вечна запустеност. 10 И ќе ги задушам меѓу нив: секој глас на радост и веселба, воскликнувањето на младоженецот и невестата, и тропотот на мелницата и светлината на светилката. 11 Сета земја ќе се претвори во запустеност и пустина, и сите народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години. 12 Но кога ќе се наполнат седумдесетте години, ќе ги казнам вавилонскиот цар и оној народ - зборува Господ - за нивното беззаконие, и Халдејската Земја ќе ја претворам во вечни урнатини. 13 Ќе доведам врз таа земја сè што реков против неа - сè што е напишано во овој книжен свиток, што пророкуваше Еремија за сите народи. 14 И тие ќе им служат на многу народи и на големи цареви, и ќе им платам според нивните работи и според делата на нивните раце.’” 15 Вака ми рече Господ, Израелевиот Бог: „Земи ја оваа чаша со вино од Мојата рака, и напој ги со него сите народи кај кои ќе те испратам. 16 Нека пијат додека не се затетерават и додека не обезумат од мечот што ќе го испратам меѓу нив.” 17 И ја зедов чашата од Господовите раце и ги напоив од неа сите народи кај кои што ме испрати Господ: 18 Ерусалим и јудејските градови со нивните цареви и кнезови, нека бидат урнатини, потсмев и проклетство, како што се и денес; 19 фараонот, египетскиот цар, со неговите слуги и кнезови, и со неговиот народ, 20 и сета онаа мешаница од народи: сите цареви на земјата Уз, сите цареви на Филистејската Земја, Аскалон, Газа, Акарон и она што остана од Азот; 21 Едом, Моав и Амоновите синови; 22 сите цареви на Тир, сите цареви на Сидон, царевите на островите преку море; 23 Дедана, Тема, Вуза и сите оние со истригани краеви на косата, 24 сите цареви на Арабија, сите цареви на мешаницата од народи, кои престојуваат во пустината; 25 сите цареви на Зимрија, и сите цареви на Елам, и сите цареви на Мидија; 26 сите цареви на Север, блиските и далечните, еден до друг, и сите царства на лицето на земјата. А царот Сисак ќе пие после нив. 27 „И речи им: ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Пијте! Испијанете се! Блувајте! Паднете за да не се дигнете веќе од мечот што ќе го пуштам меѓу вас.”‘ 28 „Ако не би сакале да ја земат чашата од твојата рака, за да пијат, речи им: ‘Вака зборува Господ над Војските: „Треба да пиете! 29 Зашто, еве, Јас почнав да го казнувам градот што се вика со Моето Име. А зар вие да поминете без казна? Не, не ќе останете неказнети, зашто Самиот ќе го повикам мечот да удри на сите жители на земјата” - говори Господ над Војските.’ 30 „И така, ти им ги пророкувај сите овие зборови и речи им: ‘Господ ќе викне силно од висината, грми со гласот на Своето свето живеалиште, вика со сиот глас против Своето пасиште, подвикнува како оние што газат грозје. До сите жители на земјата 31 достига воен вик - до крајот на светот - зашто Господ се парничи со народите, излегува на суд со секое тело, безбожниците ќе им ги предаде на меч - вели Господ.” 32 Господ над Војските зборува вака: „Еве, несреќата веќе зафаќа народ по народ; страшно невреме веќе се подига, од краиштата на земјата. 33 Во оној ден ќе бидат истепани од Господа од едниот крај на светот до другиот. По нив никој не ќе тажи, ниту некој ќе ги собере и погребе; ќе останат како гној по земјата. 34 Ридајте, пастири, и викајте, тркалајте се по правот, водичи на стадата, зашто ви се исполнија деновите за колење, ќе испаѓате како избрани овни. 35 Веќе нема засолниште за пастирите, ниту спасение за водичите на стадата. 36 Чуј, како ридаат пастирите, како плачат водичите на стадата, зашто Господ го запустува нивното пасиште, 37 мирните пасишта се сотрени од Господовиот јаросен гнев. 38 Лавот ги остава грмушките, зашто ќе запустее нивната земја, од запустувачкиот меч, од јаросниот Господов гнев.”
1 Во почетокот на царувањето на Јоаким, синот Јосиин, Јудиниот цар, ми дојде Господовото слово: 2 „Господ зборува вака: ‘Застани во дворот на Господовиот Дом, и - на сите јудејски градови што доаѓаат да се поклонат во Господовиот Дом - проповедај му ги сите зборови што ти заповедав да им ги кажеш. И не изоставувај ни еден единствен. 3 Можеби ќе послушаат и ќе се врати секој од својот лош пат, па ќе се покајам за злото што намислив да го направам заради нивните зли дела.’ 4 Речи им: ‘Господ зборува вака: „Ако не Ме послушате за да одите по Законот што го ставив пред вас, 5 слушајќи ги зборовите на Моите слуги, пророците, кои ви ги праќам неуморно, иако досега не ги слушавте, 6 ќе постапам со овој Дом како со Сило, и ќе направам овој град да биде проклетство за сите народи на земјата.”‘“ 7 И свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Еремија како ги проповеда тие зборови во Господовиот Дом. 8 А кога Еремија го изрече сè она што Господ му заповеда да му навести на сиот народ, свештениците и пророците го грабнаа, зборувајќи: „Ке платиш со главата! 9 Зашто пророкуваше во Господово Име: ‘Ќе постапам со овој Дом како со Сило, и овој град ќе биде запустен, та веќе никој не ќе живее во него!’” И сиот народ се собра против Еремија во Господовиот Дом. 10 Откако го чуја тоа, јудејските старешини дојдоа од царскиот дворец во Господовиот Дом, и седнаа пред Новата Врата на Господовиот Дом. 11 Тогаш свештениците и пророците им рекоа на старешините и на сиот народ: „Овој човек заслужува смрт, зашто пророкуваше против овој град, како што чувте со своите уши.” 12 Тогаш Еремија им рече на старешините и на сиот народ: „Господ ме испрати да пророкувам против овој Дом и овој град сè она што чувте. 13 Поправете ги, и така, своите патишта и дела, и слушајте го гласот на Господа, својот Бог: и ќе се покае за злото со кое што ви се закани. 14 Еве, јас сум во вашите раце. Направете со мене што ви се чини добро и право. 15 Но знајте добро: ако ме погубите, невина крв ќе возложите на себеси, врз овој град и врз неговите жители. Зашто, навистина, Господ ме испрати кај вас за да ги зборувам овие зборови во вашите уши.” 16 Тогаш старешините и сиот народ им рекоа на свештениците и пророците: „Овој човек воопшто не заслужува смрт, зашто ни зборуваше во Името на Господа, нашиот Бог.” 17 Тогаш станаа и некои од најугледните во земјата та му рекоа на сето мноштво народ што се собрал таму: 18 „Моресецот Михеј пророкуваше во деновите на Езекиј, јудејскиот цар, и му зборуваше на сиот јудејски народ: ‘Господ над Војските зборува вака: „Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на овој Дом ќе ја прекрие шума.”‘ 19 Дали затоа Езекиј, јудејскиот цар, и сета Јудеја го погубија? Не се ли исплашија од Господа и не настојуваа ли да го умилостиват Господа? И Господ го отстрани злото со кое што им се закани! А ние, зар да навлечеме врз нашите души толку голем злостор?” 20 Имаше таму уште некој што пророкуваше во Господово Име, Уриј, синот Семаин, родум од Киријат Јарим. И тој пророкуваше против овој град и оваа земја како и Еремија. 21 А кога царот Јоаким со сите воини и заповедници ги чу тие зборови, бараше да го погуби. Штом го чу тоа, Уриј се исплаши и избега во Египет. 22 Но царот Јоаким го испрати во Египет Елнатан, синот Ахоров, со неколку луѓе; 23 тие го доведоа Уриј од Египет и го одведоа кај царот Јоаким, кој го погуби со меч, а неговиот труп го фрли во гробиштата на простиот народ. 24 Но Ахикам, синот Сафанов, го заштити Еремија, та не го предадоа во рацете на народот за да го погубат.
1 Во почетокот на царувањето на Седекија, синот Јосиин, јудејскиот цар, Господ му го упати на Еремија ова слово: 2 „Господ ми рече вака: ‘Направи си јажиња и јарем и стави си го на вратот. 3 Потоа порачај им на едомскиот цар, на моавскиот цар, на амонскиот цар, на тирскиот цар и на сидонскиот цар, по нивните пратеници кои дојдоа во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија. 4 Нареди им да им порачаат на своите господари: „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог! Порачајте им вака на своите господари: 5 ‘Јас, со Својата сèсилна сила и со испружената рака, ги создадов земјата, луѓето и животните на земјата. И Јас му го давам тоа кому што сакам. 6 И така, сега сите тие земји ги давам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, на Својот слуга; му ги давам и полските ѕверови, за да му служат. 7 И сите народи ќе им служат: нему и на неговиот син, и на синот на неговиот син, додека не чукне часот и за неговата земја, та силни народи и големи цареви не го покорат и него. 8 Ако некој народ, или царство, не сака да му служи на Навуходоносор, на вавилонскиот цар, не сакајќи да се впрегне во јаремот на вавилонскиот цар, тој народ ќе го казнам со меч, глад и помор - говори Господ - додека сосем не го затрам со неговата рака. 9 И така, не слушајте ги своите пророци, гатачи, сонувачи, своите ѕвездари-астролози и волшебници кои ви зборуваат: „Не, вие нема да му служите на вавилонскиот цар!” 10 Зашто тие ви пророкуваат лага само за да ве оддалечат од вашата земја, за да ве истерам па да пропаднете. 11 Ама народот кој ќе се впрегне во јаремот на вавилонскиот цар, за да му служи, ќе го оставам во мир во неговата земја - говори Господ - за да ја обработува и да живее во неа.’” 12 Сè тоа му го реков на Седекија, јудејскиот цар, говорејќи: „Впрегнете се во јаремот на вавилонскиот цар и покорете им се нему и на неговиот народ, за да останете живи. 13 Зошто да загинете, ти и твојот народ, од меч, од глад и од помор, како што Господ му се закани на народот што не ќе му се потчини на вавилонскиот цар? 14 И така, не слушајте ги зборовите на оние пророци кои ви зборуваат: ‘Вие нема да му служите на вавилонскиот цар.’ Тие ви пророкуваат лага. 15 Зашто Јас не ги испратив да ви пророкуваат - говори Господ - туку тие ви пророкуваат лага во Мое Име, за да ве истерам од вашата земја, па да пропаднете - вие и пророците кои што ви пророкуваат.” 16 И на свештениците и на сиот овој народ им реков: „Господ зборува вака: ‘Не слушајте ги зборовите на своите пророци кои ви пророкуваат вака: „Еве, садовите на Господовиот Дом скоро ќе бидат вратени од Вавилон.” Тие ви пророкуваат лаги. 17 Не слушајте ги! Покорете му се на вавилонскиот цар, за да останете живи! Зошто овој град да стане урнатина? 18 Ако се тие навистина пророци, та ако е во нив Господовиот збор, нека Му се молат на Господа над Војските за садовите, што уште останаа во Господовиот Дом и во дворецот на јудејските цареви, да не преминат во Вавилон! 19 „Зашто Господ зборува вака за столбовите, за морето, за подножјата и за останатите садови што уште останаа во овој град - 20 што уште Навуходоносор, вавилонскиот цар, не ги зеде со себе тогаш кога ги одведе на заточение од Ерусалим во Вавилон: Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, и сите јудејски и ерусалимски првенци. 21 Да, вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог, за садовите што останаа во Господовиот Дом, во дворецот на јудејскиот цар, и во Ерусалим: 22 „Ќе бидат однесени во Вавилон и ќе останат таму сè до денот кога Јас ќе отидам по нив - говори Господ. И јас ќе го донесам сè тоа и ќе го поставам на ова место!’”
1 Во истата година, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година, во петтиот месец, Ананиј, синот Азоров, пророк роден од Гаваон, ми рече во Господовиот Дом пред сите свештеници и пред сиот народ: 2 „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар. 3 До две години ќе ги вратам на ова место сите садови на Господовиот Дом, што Навуходоносор, вавилонскиот цар, ги зеде оттука и ги однесе во Вавилон. 4 А исто и Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, и сите јудејски заточеници, што стигнаа во Вавилон, исто така ќе ги вратам на ова место - говори Господ - зашто ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.’” 5 Тогаш пророкот Еремија му одговори на пророкот Ананиј пред свештениците и пред сиот народ кои беа во Господовиот Дом. 6 Пророкот Еремија рече: „Амин! Господ да направи така! Господ да ги исполни зборовите што ги пророкуваше, и да ги врати таму сите садови од Господовиот Дом и сите заточеници од Вавилон. 7 Меѓутоа, чуј го и ова слово што ќе го кажам во твоите уши и во ушите на сиот народ. 8 Пророците што беа пред мене и пред тебе, им пророкуваа од памтивек на многу силни земји и големи цареви војна, глад, помор. 9 Но за пророкот што пророкува мир можеш да знаеш дека навистина го испратил Господ откако ќе се исполни неговиот пророчки збор.” 10 Тогаш пророкот Ананиј го симна јаремот од вратот на пророкот Еремија и го скрши. 11 И Ананиј рече пред сиот народ: „Господ зборува вака: ‘Еве, вака - за две години - ќе го скршам јаремот на Навуходоносор, вавилонскиот цар, од вратот на сите народи!’” Тогаш пророкот Еремија отиде по својот пат. 12 А кога пророкот Ананиј го скрши јаремот од вратот на пророкот Еремија, му дојде Господово слово на Еремија: 13 „Оди и речи му вака на Ананиј: ‘Господ зборува вака: „Ти го скрши дрвениот јарем, но Јас ќе направам место него железен.” 14 Зашто вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Ќе ставам железен јарем околу вратот на сите оние народи, за да му ги покорам на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и ќе му служат, зашто Јас му ги потчинив нему дури и полските ѕверови!”‘“ 15 И пророкот Еремија му рече на Ананиј: „Чуј ме добро, Ананија! Господ не те испрати тебе, а ти разбуди во народот измамливи надежи. 16 Затоа Господ зборува вака: ‘Ете, те бришам од лицето на земјата! Ќе умреш уште во оваа година, зашто проповедаше побуна против Господа!’” 17 И пророкот Ананиј умре во таа година во седмиот месец.
1 Еве, овие се зборовите во посланието што пророкот Еремија му го испрати од Ерусалим на Остатокот на заточението - на старешините, на свештениците и на пророците и на сиот народ, кого што Навуходоносор го одведе од Ерусалим во Вавилон, 2 откако царот Јехониј и царицата-мајка, дворјаните, јудејските и ерусалимските првенци, ковачите и браварите, го оставија Ерусалим. 3 Писмото беше испратено по Еласа, синот Сафанов, и по Гемариј, синот Хелкиин, кои што Седекиј, јудејскиот цар, ги испрати во Вавилон при Навуходоносор, вавилонскиот цар. Еве ја содржината: 4 „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘До сите заточеници, кои ги одведов од Ерусалим во Вавилон! 5 Градете куќи и населете се, садете градини и уживајте го нивниот род! 6 Женете се и раѓајте синови и ќерки, за да раѓаат и тие синови и ќерки! Множете се за да не се намалите! 7 Барајте мир во земјата во која ве заточив, молете Му се на Господа за неа, зашто врз нејзиниот мир почива и вашиот мир!’ 8 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Не оставајте да ве измамуваат вашите пророци, кои се меѓу вас, вашите гатачи! Не поведувајте се по соништата што тие ги сонуваат! 9 Зашто тие пророкуваат лажно во Мое Име, а Јас не ги испратив’ - зборува Господ. 10 Зашто Господ зборува вака: ‘Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место. 11 Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас - зборува Господ - замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж. 12 Тогаш ќе Ме повикувате, ќе доаѓате кај Мене, ќе Ми се молите, и Јас ќе ве слушам. 13 Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце. 14 И ќе оставам да Ме најдете - зборува Господ, ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав, зборува Господ. И ќе ве вратам во местото откаде ве одведов на заточение. 15 Навистина, вие велите: „Господ ни подигна пророци во Вавилон.” 16 Вака му зборува Господ на царот кој седи на Давидовиот престол, и на сиот народ што живее во овој град - на вашите браќа што не дојдоа со вас на заточение. 17 Вака зборува Господ над Војските: ‘Еве испраќам врз нив меч, глад и помор; ќе направам да бидат како расипани смокви, толку лоши што да не се за јадење. 18 И ќе ги гонам со меч, глад и помор, и ќе ги направам за ужас на сите земни царства, проклетство, страв, потсмев и срам за сите народи каде што ќе ги изгонам. 19 Зашто не ги послушаа Моите зборови - зборува Господ - иако им ги праќав постојано Своите слуги пророците, но тие не ги послушаа - говори Господ. 20 Но вие, заточениците, што ги испратив од Ерусалим во Вавилон, послушајте го сите Господовото слово!’ 21 Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог, за Ахав, синот Колаин, и за Седекија, синот Масиин, кои ви пророкуваат лага во Мое Име: ‘Еве, ги предавам во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, за да ги погуби пред вашите очи. 22 И со нив како со клетва ќе се проколнуваат сите заточеници кои се во Вавилон: „Господ нека направи со тебе како со Седекија и Ахав, кои што вавилонскиот цар ги испече на оган,” 23 зашто направија срам во Израел, правејќи прељуба со жените на своите ближни и зборувајќи лажни зборови во Мое Име, што Јас не им ги заповедав. Јас го знам тоа, и сведок Сум за тоа’ - зборува Господ. 24 А на Неламецот Семај ќе му порачаш: 25 Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ти во свое име му испрати писма на сиот народ што е во Ерусалим, и на свештеникот Софониј, синот Масиин, и на сите други свештеници: 26 „Господ те постави свештеник на местото на свештеникот Јодај за да бидеш надгледник, во Господовиот Дом, за секој безумник кој се прави пророк да го фрлиш во клади, со железо околу вратот. 27 И така, зошто не го спречи Еремија од Анатот, кој се прави меѓу вас пророк? 28 Та тој ни испрати порака во Вавилон: ‘Долго ќе трае: Градете куќи и населете се! Садете градини и уживајте го нивниот плод!’” 29 Свештеникот Софониј му го прочита писмото на пророкот Еремија. 30 Тогаш му дојде на Еремија Господово слово: 31 „Испрати им ја на сите заточеници оваа вест: ‘Вака зборува Господ за Неламецот Семај: „Зашто Семај ви пророкува та ви буди измамливи надежи, иако Јас не го испратив,” 32 Господ зборува вака: „Ќе ги казнам Неламецот Семај, него и неговото потомство: никој не ќе му остане среде овој народ за да ја доживее среќата што ја подготвувам за Својот народ - зборува Господ - зашто проповедуваше буна против Господа.”‘“
1 Слово што Господ му го упати на Еремија: 2 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Запиши ги во книжен свиток сите овие зборови што ти ги зборувам. 3 Зашто еве доаѓаат денови - зборува Господ - и ќе ја изменам судбината на Својот народ во Израел, во Јудеја - зборува Господ - и ќе ги вратам во земјата што им ја дадов во наследство на нивните татковци.’” 4 Еве ги зборовите што Господ ги рече за Израел и за Јудеја: 5 „Господ зборува вака: ‘Слушам крик на ужас, тоа е стравотија, а не мир. 6 Ајде, распрашајте се и погледајте: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто се сите лица изобличени и побледени? 7 Леле, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа. 8 Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе го скршам јаремот на нивниот врат и ќе ги скинам нивните вериги. Веќе не ќе му служат на туѓинец, 9 туку ќе Му служат на Господа, својот Бог, и на Давида, својот цар, кого ќе им го подигнам. 10 Не бој се, Јакове, слуго Мој - зборува Господ, не плаши се, Израелу! Зашто еве, ќе те спасам од далеку, и твоето потомство од земјата на заточението. Јаков ќе се смири пак, ќе живее спокојно, и никој не ќе го плаши - зборува Господ, 11 зашто Јас Сум со тебе - говори Господ - за да те избавам. Ќе ги сотрам народите меѓу кои што те протерав, а тебе нема да те уништам сосем; но ќе те казнам по правда, не смеам да те пуштам неказнет.’ 12 Зашто, Господ зборува вака: ‘Твојата рана е неисцелива, твојата болка - непреболена. 13 Нема лек за твојата рана, и никако да зарасти. 14 Сите љубовници те заборавија, веќе и не прашуваат за тебе! Зашто Јас удрив на тебе, како што удира непријателот, со жестока казна за беззаконие и за многуте твои гревови. 15 Зошто лелекаш заради својата рана? Зар е неизлечива твојата болка? Заради мноштвото беззаконија и заради многуте твои гревови ти го сторив тоа. 16 Но и тие што те јадат ќе бидат изедени, сите твои непријатели ќе отидат во ропство; твоите ограбувачи ќе бидат ограбени, и кои што те пљачкосуваа ќе бидат пљачкосани. 17 Но Јас ќе те исцелам, ќе ти ги залечам раните - зборува Господ. Те викаа „Истераната” и „Сионка, за која никој не прашува.”‘ 18 Господ зборува вака: ‘Еве, ќе ја изменам судбината на Јакововите шатори, ќе им се смилам на неговите шатори: врз неговите урнатини пак ќе биде соѕидан град, и дворците ќе стојат на старото место. 19 Од нив ќе се чујат благодарници и радосни гласови. Ќе ги умножам, и веќе не ќе ги намалувам со број, ќе им дадам углед, и веќе не ќе ги презираат. 20 Нивните синови ќе ми бидат како некогаш, нивната заедница ќе стои цврсто пред Мене, а ќе ги казнам сите нивни угнетувачи. 21 Нивниот главатар ќе никне од нив, нивниот владетел ќе излезе пред нив. Ќе го пуштам кон Себе, за да Ми се приближи, зашто кој ќе се осмели сам да излезе пред Мене! - говори Господ. 22 И вие ќе бидете Мој народ, а Јас ваш Бог.’” 23 Ете, Господово невреме, јароста навлегува, силен виор се размавтува, и паѓа врз безбожничките глави. 24 Господовиот гнев нема да стивне додека тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце. Во последните денови ќе го разберете тоа јасно.
1 „Во она време - говори Господ - ќе им бидам Бог на сите израелеви племиња, и тие ќе бидат Мој народ.” 2 Господ зборува вака: „Милост најде во пустината народот што му избега на мечот: Израел оди кон своја починка.” 3 Господ му се јави од далечина: „Те љубам со вечна љубов, затоа ти запазив милост. 4 Пак ќе те создадам, и ќе бидеш создадена Израелева девице. Пак ќе се украсуваш со тапанчиња, ќе се факаш во весел танец. 5 Пак ќе садиш лозја на ридовите на Самарија: кои ќе ги посадат насадите тие и ќе ги збираат. 6 Зашто доаѓа ден кога стражарите ќе викаат на Ефремовата Гора: ‘На нозе! Да се искачиме на Сион кон Господа, својот Бог!’” 7 Зашто Господ зборува вака: „Воскликнувајте му од радост на Јакова, поздравете го бурно првенецот на народите! Нека се разнесува вашиот глас! Објавете, прославете и кажете: ‘Господ го спаси Својот народ, Израелевиот Остаток!’ 8 Еве, Јас ги водам од Северната Земја, ги собирам од краиштата на земјата: со нив се слепите и хромите, бремените и родилките: големата заедница се враќа. 9 Еве, тргнаа со солзи, сега ги враќам утешени! ќе ги водам покрај поточните води, по рамен пат на кој не ќе се сопнуваат, зашто Јас Сум му татко на Израел, Ефрем е Мој првенец. 10 Чујте го, о народи, Господовото слово, објавете го ширум во далечните острови: ‘Оној што го распрсна Израел пак го собира и го чува како пастирот своето стадо!’ 11 Зашто Господ го ослободи Јакова, го избави од рацете на посилниот од него. 12 И тие, воскликнувајќи радосно, на Сионскиот Врв, ќе се науживаат во Господовите добра: жито, масло, младо вино, јагниња и телиња; душата ќе им биде како навадена градина, никогаш веќе не ќе гинат. 13 Девојките ќе се веселат на танец, младо и старо заедно, зашто тагата ќе им ја претворам во радост, ќе ги утешам и ќе ги развеселам по жалоста. 14 Со мрсно ќе им го закрепнам свештенството и Својот народ ќе го наситам со добра” - говори Господ. 15 Господ зборува вака: „Чуј! Во Рама се слуша ридање и горчлив плач: Рахела ги оплачува своите синови, и не сака да се утеши за децата зашто нив веќе ги нема.” 16 Господ зборува вака: „Прекрати да ридаш, избриши ги солзите во очите! Твоите страдања ќе бидат наградени: тие ќе се вратат од непријателската земја. 17 Има надеж за твоето потомство - говори Господ - твоите синови ќе се вратат во својот крај: 18 Добро го слушам Ефремовото липање: ‘Ти ме искара, и Јас се поправив како јунче уште нескротено. Обрати ме, за да се обратам, зашто Ти си, Господи, мој Бог. 19 Се одвратив од Тебе, но се покајав засекогаш, и сега се удирам по слабините. Се срамам и црвенеам, зашто го носам срамот на својата младост!’ 20 Зар не ми е Ефрем драг син? Не е ли возљубено дете, зашто колку и да му се заканувам, секогаш со љубов си спомнувам за него; и срцето ми трепери за него од нежна сомилост - говори Господ. 21 Постави патокази, подигни столбови! Спомни си за врвилиштето, за патот по кој што помина. И врати се, Израелева девице, врати се во Своите градови! 22 До кога уште ќе се двоумиш, ќерко одметнице? Зашто Господ создаде нешто ново на земјата: жена ќе опкружи маж.” 23 Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Во Јудината Земја, кога ќе ја изменам нејзината судбина, во нејзините градови ќе се зборува вака: ‘Да те благослови Господ, Живеалиште на Праведноста, Света Горо!’ 24 И во неа пак ќе се насели Јудеја со сите свои градови, земјоделците и оние што одат по стадата, 25 зашто Јас ќе ја закрепнам исцрпената душа, изобилно ќе ја нахранам истоштената душа.” 26 Како онаа: „Штом се разбудив, погледнав: сладок ли беше мојот сон!” 27 „Еве доаѓаат денови - Господово слово е - кога во Израелевиот дом и во Јудиниот дом ќе посеам човечко семе и животинско семе. 28 И како што некогаш бдеев за да ги откорнам, за да ги разурнам, за да ги истребам, за да ги сотрам и за да навалам несреќа врз нив, така сега ќе бдеам грижливо за да ги подигнам и за да ги посадам. 29 Во оние денови веќе не ќе се зборува: ‘Татковците јадеа кисело грозје, а на синовите им отрпнуваат забите.’ 30 Туку секој ќе умре заради сопствената вина. И на оној што ќе јаде кисело грозје забите ќе му отрпнуваат. 31 Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом. 32 Не Завет каков што склучив со нивните татковци во денот кога ги зедов за рака за да ги изведам од Египетската Земја, Завет што тие го раскинаа иако Јас Сум нивни господар - говори Господ. 33 Туку, ова е Завет што ќе го склучам со Израелевиот дом по оние денови - говори Господ. Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце. И ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ. 34 И веќе не ќе го учи другарот другар ни братот брат, зборувајќи: ‘Познајте Го Господа!’ туку сите ќе Ме познаваат, и мало и големо, говори Господ - зашто ќе го простам нивното беззаконие и не ќе си спомнувам веќе за нивните гревови.” 35 Господ зборува вака: „Кој дава сонцето да свети дење, а месечината и ѕвездите ноќе, Кој го подига морето за да му бучат брановите - Името Му е Господ над Воинствата: 36 Ако некогаш се пореметат тие закони пред Мене - говори Господ - тогаш Израелевото потомство ќе прекрати да биде народ пред Моето лице довека!” 37 Господ зборува вака: „Ако можат да се измерат небесата горе, и да се истражат основите на земјата долу, тогаш и Јас ќе го отфрлам Израелевото потомство заради сè што направија - говори Господ. 38 Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога Господовиот град ќе биде пак соѕидан, од Ананеиловата Стражарница до Вратата на Аголот. 39 И уште натаму ќе се протегне јажето за мерење, право до ритчето Гарив, а тогаш ќе се сврти кон Гоат. 40 И сета долина на трупови и пепел, и сите полиња до потокот Кедрон, до аголот на Коњската Врата на исток, ќе биде Господова светина. И веќе не ќе има разурнувања и проклетства.”
1 Словото што Господ му го упати на Еремија во десеттата година на Седекија, јудејскиот цар, односно во осумнаесеттата година на Навуходоносор. 2 Во тоа време војската на вавилонскиот цар го опседнуваше Ерусалим, а пророкот Еремија беше затворен во темничкиот двор во дворецот на јудејскиот цар. 3 Седекија јудејскиот цар, го беше затворил таму, приговорувајќи му: „Зошто пророкуваше: ‘Господ зборува вака! „Ете, ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го освои; 4 а Седекија, јудејскиот цар, не ќе и избега на халдејската сила, туку ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар - ќе разговара со него уста во уста, ќе го види очи во очи. 5 Ќе го одведе Седекија во Вавилон и таму ќе остане додека не го посетам - говори Господ! И ако се борите против Халдејците, нема да успеете!”‘“ 6 Тогаш Еремија рече: „Ми дојде Господово слово: 7 ‘Скоро ќе дојде кај тебе Анамеил, синот на твојот стрико Салум, за да ти каже: „Купи ја мојата нива во Анатот; ти имаш роднинско право за да ја купиш!”‘ 8 Како што навести Господ, кај мене дојде синот на мојот стрико Анамеил во темничкиот двор и ми рече: ‘Де, купи ја мојата нива во Анатот, зашто ти имаш право на сопственост и роднинско право за да ја купиш! Купи ја!’ И така научив дека тоа беше Господов збор. 9 И така, ја купив таа нива од синот на мојот стрико Анамеил од Анатот та му измерив во платежно средство седумдесет сикли сребро. 10 Напишав договор, удрив печат, повикав сведоци и го измерив среброто на мерилката. 11 Потоа го зедов купувачкиот договор, запечатен според прописот, според уредбите, 12 му го предадов купувачкиот договор на Варух, синот Масиев син Нирин. Присутни беа: мојот братучед од стрико Анамеил, сведоците што го потпишаа купопродажниот договор и сите Јудејци, кои се најдоа во темничкиот двор. 13 Тогаш пред нив му заповедав на Варух: 14 ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог!”Земи ги овие исправи, купувачкиот договор, запечатениот и отворениот, и стави ги во глинен сад, за да се запазат долго.” 15 Зашто вака говори Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Уште ќе се купуваат во оваа земја и куќи и ниви и лозја!”‘ 16 Откако му го предадов купувачкиот договор на Нириниот син Варух, Му се помолив на Господа: 17 ‘О, Господи, Господи! Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно! 18 На илјадници им искажуваш милост, а вината на татковците ја одмаздуваш врз децата, врз нивните потомци. Велик и силен Боже, Кому Името е Господ над Војските! 19 Велик си во Своите замисли, силен во Своите дела! Твоите очи бдеат над сите човечки патишта, за да му платиш секому според неговиот пат и според плодот на неговите дела! 20 Ти Кој што правеше знаци и чудеса во Египетската Земја и во Израел, и меѓу сите луѓе сè до денес. 21 Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии. 22 Потоа им ја даде сета оваа земја што со заклетва им ја вети на нивните татковци, земја во која течат мед и млеко. 23 И тие ја зазедоа; ама не го слушаа Твојот глас, ниту одеа по патот на Твојот Закон. Не направија ништо од она што им заповеда Ти; затоа ги повика врз нив сите овие неволји. 24 Ете, насипите му се приближија веќе на градот, и ќе биде освоен, и градот ќе падне во рацете на Халдејците кои се нафрлаат врз него со меч, глад и помор. Со што се закануваше, еве доаѓа. И Самиот гледаш. 25 А Ти, Господи Господи мој, ми рече: „Купи нива за сребреници и повикај сведоци,” а градот е веќе предаден во рацете на Халдејците!’” 26 Тогаш ми дојде Господово слово: 27 „Ете, Јас Сум Господ, Бог на секое тело! Мене ништо не Ми е невозможно!” 28 Затоа - говори Господ - го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе го заземе. 29 Во него ќе влезат Халдејците, кои се борат против овој град, ќе го уништат со оган и ќе го изгорат заедно со куќите, на чии покриви му палеа темјан на Ваала и им лееја налевници на туѓите богови, разгневувајќи Ме Мене. 30 Зашто Израелевите синови и Јудините синови од младост прават само зло пред Моите очи. Навистина, Израелевите синови без прекратување Ме гневат со делата на своите раце - говори Господ. 31 Навистина, овој град само Ми е за гнев и расрденост откако е изграден па до денешниот ден, та треба да го отстранам од пред Своето лице 32 заради сето беззаконие што го направија Израелевите синови и Јудините синови, разгневувајќи Ме - тие и нивните цареви, кнезови и свештеници и пророци, Јудејците и Ерусалимците. 33 Ми ги свртија плеќите, а не своето лице, иако се трудев неуморно да ги поучам, ама не Ме слушаа ниту ја примија Мојата наука. 34 Поставија грозотии во Домот, што е наречен со Моето Име, за да го обесветат. 35 Му подигнаа високи места на Ваала во Долината Бен Еном, и своите синови и ќерки му ги поминуваа низ оган на Молоха - што Јас никогаш не им заповедав; ни на ум не Ми падна да прават такви гадости, ниту би го пуштил Јуда во таков грев. 36 Сепак, вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за тој град за кого што вие велите дека ќе падне од меч, од глад и од помор, во рацете на вавилонскиот цар: 37 ‘Еве, Јас ќе ги соберам од сите земји во кои ги протерав - во Својот гнев и јарост - и ќе ги вратам на ова место за да живеат тука спокојно. 38 И тие ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивни Бог. 39 И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во сите дни, за своја среќа и за среќата на своите деца. 40 И ќе склучам со нив вечен Завет, никогаш веќе не ќе се одвратам од нив и секогаш ќе им правам добро; ќе им го посадам во срцето Својот страв, за да не се одметнат никогаш веќе од Мене. 41 И ќе се радувам правејќи им добро; и цврсто ќе ги засадам во оваа земја, со сето Свое срце и со сета Своја душа.’ 42 Зашто Господ зборува вака: ‘Како што врз овој народ ја доведов сета оваа страшна несреќа, така врз нив ќе ја доведам сета среќа што им ја ветив. 43 Да, пак ќе се купуваат ниви во оваа земја за која што вие велите: „Ова е пустина, без човек и без животинче, предадена на милост и немилост на Халдејците!” 44 Нивите ќе се купуваат за сребреници, ќе се пишуваат и ќе се запечатуваат купопродажни договори, ќе бидат повикувани сведоци во Венијаминовата Земја и во околината на Ерусалим. Во Јудините градови и во градовите на Горјето, на Шефел, на Негев, зашто ќе ја изменам нивната судбина’ - говори Господ.”
1 Додека Еремија уште беше затворен во темничкиот двор, и по вторпат му дојде Господовото слово: 2 „Вака зборува Господ, Кој ја создаде земјата, ја вообличи и ја зацврсти - Името Му е Господ! 3 ‘Повикај Ме, и ќе ти одговорам и ќе ти откријам големи и недостижни тајни за кои што не знаеш ништо.’ 4 Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за куќите на овој град и за дворците на јудејските цареви, разурнати заради насипи и меч, 5 и за оние што зафаќаат борба со Халдејците за да ги наполнат своите куќи со телата на луѓето, што ги истепав во Својата расрденост и јарост, и го одвратив Своето лице од овој град заради нивните лошотии. 6 Еве, Јас ќе ја исцелам нивната рана, Јас ќе ги оздравам и исцелам и ќе им пружам изобилство на вистинскиот мир. 7 Ќе ја изменам судбината на Јудината Земја и на Ерусалим и ќе ги подигнам да бидат како некогаш. 8 Ќе ги очистам од секој грев со кој согрешија против Мене, и ќе им ги простам сите вини што Ми ги скривија, одметнувајќи се од Мене. 9 И Ерусалим ќе Ми биде радост, за фалба и за чест пред сите народи на светот: кога ќе чујат за сето добро што ќе им го поделам, ќе се восхитуваат и ќе и се чудат на сета онаа среќа во мирот, што ќе им ја дадам.’ 10 Господ зборува вака: ‘На ова место за кое што вие велите: „Тоа е пустина без човек и без животинче” - во јудејските градови и по запустените ерусалимски улици пак ќе се разнесуваат 11 извици на радост, извици на младоженецот и невестата, воскликнувањата на оние кои што, во Господовиот Дом, ќе принесуваат жртви благодарници пеејќи: „Славете Го Господа над Воинствата, Зашто Господ е благ, Зашто вечна е Неговата милост!” Зашто Јас ќе ја обновам земјата, За да биде како некогаш‘ - Говори Господ. 12 Господ над Воинствата зборува вака: ‘На ова место што е сега пусто, без човек и без животинче, и во сите градови пак ќе има пасишта за пастирите, што ги одморуваат своите стада. 13 Во градовите на Горјето, и во градовите на Шефел, и во градовите на Негев, во Венијаминовиот Крај, во околината на Ерусалим и во Јудините градови пак ќе поминуваат овците под раката на пастирите кои што ќе ги бројат - говори Господ. 14 Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе го исполнам доброто ветување што им го дадов на Израелевиот дом и на Јудиниот дом: 15 Во оние денови и во она време ќе му подигнам на Давида праведен Подник. Тој ќе владее со земјата по правосудство и по правда. 16 Во оние денови Јудеја ќе биде спасена, Ерусалим ќе живее спокојно. А градот ќе се вика: „Господ, наша Правда.” 17 Зашто Господ зборува вака: „Никогаш на Давида не ќе му снема потомок, кој ќе седи на престолот на Израелевиот дом. 18 И никогаш на левитите и на свештениците не ќе им снемаат потомци, кои ќе служат пред Мене и ќе принесуваат паленици, приносници со кадење и ќе жртвуваат во сите денови.’” 19 И Господовото слово му дојде на Еремија: 20 „Господ зборува вака: ‘Ако можете да го укинете Мојот Завет со денот и Мојот Завет со ноќта, така што ќе нема веќе ни ден ни ноќ во право време, 21 ќе може да се укине и Мојот Завет со Мојот слуга Давид, та веќе не ќе има син, кој би царувал на неговиот престол, и со левитите и со свештениците, кои Ми служат. 22 Како што не може да се изброи небесната војска ни да се измери морскиот песок, така ќе го размножам потомството на Својот слуга Давид, и на левитите и на свештениците кои Ми служат.’” 23 И Господовото слово му дојде на Еремија: 24 „Не забележа ли што зборуваат овие луѓе: ‘Господ ги отфрли двете племиња, што ги беше избрал за себе?’ И со презир го одречуваат Мојот народ како да не Ми е веќе Мој народ. 25 Господ зборува вака: ‘Ако не го склучив Својот Завет со денот и со ноќта, и ако не им поставив закони на небото и земјата, 26 би можел да го отфрлам потомството на Јакова и на Давида, Својот слуга, за да не земам веќе нивни потомок за владетел над Авраамовото, Исаковото и Јакововото потомство, кога ќе ја изменам нивната судбина и кога ќе им се смилувам.’”
1 Слово што Господ му го упати на Еремија кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, и сета негова војска, и сите царства под негова власт, и сите народи нападнаа на Ерусалим и на сите негови градови: 2 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди и зборувај со Седекија, јудејскиот цар, и речи му: „Господ зборува вака: ‘Еве, го предавам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го изгори тој со оган. 3 Ни ти нема да и избегаш на неговата рака. Да, ќе бидеш фатен и ќе те предадат во неговите раце: очи во очи ќе го гледаш вавилонскиот цар, уста во уста тој ќе зборува со тебе, и ќе бидеш одведен во Вавилон.’”‘ 4 Но чуј го Господовото слово, Седекија, јудејски цару! Господ ти го порачува ова: ‘Не ќе загинеш од меч, 5 ќе умреш во мир! И како што твоите татковци, твоите претходни цареви, ги покадија, и тебе ќе те покадат и ќе тажат по тебе: „Леле, Господару!”‘ Јас ти го зборувам тоа” - говори Господ. 6 И пророкот Еремија му ги предаде сите овие зборови на Седекија, јудејскиот цар во Ерусалим, 7 додека војската на вавилонскиот цар напаѓаше на Ерусалим и на останатите Јудини градови - на Лахис и на Азика, зашто само тие останаа од утврдените јудејски градови. 8 Словото што Господ му го упати на Еремија, откако царот Седекија склучи сојуз со сиот ерусалимски народ за да им прогласи слобода, 9 така што секој да го пушти на слобода својот роб, Евреин и својата робинка, Еврејка, та веќе кај никого да нема Евреин, негов брат, како роб. 10 И сите првенци и сиот народ што влегоа во овој сојуз се согласија та секој ги пушти на слобода својот роб и својата робинка за да не им робуваат веќе. И така, се согласија и ги пуштија. 11 А потоа се завртија и ги зедоа пак своите робови и робинки, што ги беа ослободиле, па ги присилија пак да им робуваат. 12 Тогаш Господ му упати слово на Еремија, зборувајќи: 13 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас склучив Завет со вашите татковци во денот кога ги изведов од Египет, од земјата на ропството, говорејќи: 14 „По седум години секој од вас нека го пушти на слобода својот брат Евреин, кој што му се продал и му служел шест години како роб.” Ама вашите татковци не Ме послушаа и не сакаа да Ме чујат. 15 А вие се обративте и направивте што е право во Моите очи, прогласувајќи ја слободата за секој свој ближен, и пред Мене склучивте сојуз во Домот што се вика со Моето Име. 16 А потоа се завртивте и го обесветивте Моето Име, зашто секој од вас пак го зеде својот роб и робинката, што веќе ги бевте ослободиле, и повторно ги присиливте да ви робуваат.’ 17 Затоа вака зборува Господ: ‘Вие не Ме послушавте за да му прогласите слобода на својот собрат и на ближниот. И затоа, еве, Јас им прогласувам против вас слобода - говори Господ - на мечот, на поморот и на гладот, и ќе ве направам страшило за сите царства на земјата. 18 А со луѓето што го раскинаа Мојот Завет и не го исполнија Заветот ветен пред Моето лице, ќе постапам како со телето што го пресеков надве та поминаа меѓу тие две половини. 19 Кнезовите на Јудеја и на Ерусалим, дворјаните, свештениците и сиот народ на земјата што поминаа меѓу половините на телето 20 ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови. 21 Седекија, јудејскиот цар, и неговите кнезови ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, што се повлече од вас. 22 Еве, Јас ќе им заповедам - говори Господ - и ќе ги вратам против овој град, и ќе нападнат на него, ќе го освојат и ќе го изгорат со оган. А јудејските градови ќе ги претворам во ненаселена пустина.’”
1 Господ му упати слово на Еремија во деновите на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар: 2 „Оди во заедницата на Рихавовците, зборувај со нив и доведи ги во Господовиот Дом, во една од двораните, и дај им вино.” 3 Тогаш ги доведов Јазаниј, синот Ховасиин синот Еремиин, неговите браќа и сите негови синови и сиот дом на Рихавовците, 4 и ги доведов во Господовиот Дом, во двораната на Божјиот човек Бен Анан, синот Идалиин, што е до кнежевската дворана, а над двораната на вратарот Масиј, синот Салумов. 5 Потоа ставив пред синовите на домот на Рихавовците врчви полни со вино и чаши, та им реков: „Пијте вино!” 6 Ама тие одговорија: „Не пиеме вино,” зашто нашиот татко Јонадав, синот Рихавов, ни заповеда: ‘Не смеете никогаш да пиете вино, ни вие ни вашите синови. 7 Ниту смеете да градите куќи, ниту да сеете семе, ниту да садите лозја, ниту да ги имате во сопственост, туку поминувајте го сиот ваш живот под шатори, за да живеете долго во земјата каде престојувате како странци.’ 8 И ние го послушавме гласот на нашиот татко Јонадав, синот Рихавов, во сè што ни заповеда: да не пиеме никогаш вино, ни ние ни нашите жени, ниту нашите синови, ниту нашите ќерки, 9 да не градиме куќи, ни да имаме лозја ни засеани полиња, 10 да живееме под шатори и послушно пазиме сè што ни заповедал нашиот татко Јонадав. 11 Само кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, тргна против оваа земја, рековме: ‘Ајде, да појдеме во Ерусалим за да ја избегнеме халдејската војска и арамејската војска!’ И така сега живееме во Ерусалим.” 12 Тогаш му дојде Господово слово на Еремија: 13 „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Оди и објави им на Јудејците и на Ерусалимците: „Зар нема да ја примите Мојата наука и нема да ги послушате Моите зборови? - говори Господ - 14 Се исполнуваат зборовите на Јонадав, синот Рихавов, кој што им забрани на своите синови да пијат вино, и до денешниот ден никој не го пие, зашто тие ги слушаат зборовите на својот татко. А Јас ви зборував исто, ама не Ме слушавте. 15 И ги праќав постојано кај вас Своите слуги, пророците, за да ви проповедаат: ‘Вратете се секој од својот лош пат, поправете ги вашите дела и не трчајте по туѓите богови за да им служите, па ќе останете во земјата што ви ја дадов вам и на вашите татковци.’ Ама не го приклонивте своето уво и не Ме послушавте. 16 Синовите на Јонадав, синот Рихавов, ги пазеа заповедите што им ги даде нивниот татко. Но Мене овој народ не Ме слуша.”‘ 17 Затоа зборува Господ, Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Еве, ќе ги навлечам врз Јуда и врз сите Ерусалимци сите оние неволји со кои им се заканив, зашто им зборував, а тие не Ме слушаа, ги повикував, но тие не се одѕвиваа.’” 18 Еремија и рече на заедницата на Рихавовците: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Зашто ги слушавте заповедите на својот татко Јонадав и ги пазевте сите наредби и правевте сè што тој ви заповедал, 19 затоа - вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог - на Јонадав, синот Рихавов, никогаш не ќе му снема потомци, кои што ќе стојат пред Моето лице во сите денови.”‘“
1 Во четвртата година на Јоаким, јудејскиот цар, Господ му го упати оваа слово на Еремија: 2 „Земи книжен свиток и запиши ги на него сите зборови што ти ги реков за Израел, за Јудеја и за сите народи, од денот кога почнав да ти зборувам, од деновите Јосиини до денешниот ден. 3 Можеби Јудиниот дом ќе чуе за сите несреќи што ги наумив да ги оборам врз нив, та ќе се врати секој од својот лош пат, и Јас ќе им ги простам вината и гревот нивни.” 4 Тогаш Еремија го повика Варуха, синот Нириин, и Варух ги напиша на книжен свиток, според Еремииното кажување, сите зборови што му ги објави Господ. 5 Тогаш Еремија му нареди на Варуха: „Мене не ми е слободно, та не можам да појдам во Господовиот Дом. 6 Оди ти та на денот на постот во Господовиот Дом читај му ги на народот Господовите зборови од книжниот свиток што го напиша според мое кажување. Прочитај им ги и на сите Јудејци кои што дојдоа од своите градови. 7 Можеби нивните покорни молења ќе се издигнат кон Господа, и можеби ќе се одврати секој од својот лош пат; зашто е голем бесот и срдењето со кои Господ му се заканува на овој народ.” 8 И Варух, синот Нириин, направи сè како што пророкот Еремија му беше заповедал за да ги прочита Господовите зборови во Господовиот Дом. 9 Во петтата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар, во деветтиот месец, го повикаа на пост пред Господа сиот ерусалимски народ и сиот народ што можеше да стигне од јудејските градови во Ерусалим. 10 Варух му ги прочита од книжниот свиток Еремиините зборови на сиот народ во Господовиот Дом, во дворницата на Гемариј, синот на писарот Сафан, во горното преддворје пред Новата Врата на Господовиот Дом. 11 А кога Михеј, синот на Сафановиот син Гемариј, ги чу сите Господови зборови, напишани во книжниот свиток, 12 слезе во царскиот дворец во собата на писарот, каде што токму седеа сите достоинственици: писарот Елисам, Делај, синот Семаин, Елнатан, синот Ахворов, Гемариј, синот Сафанов, Седекиј, синот Ананиин, и сите други достоинственици. 13 Михеј им ги кажа сите зборови што ги беше чул кога Варух му ги читаше на народот од книжниот свиток. 14 Тогаш сите кнезови ги испратија Јудиј, синот Натаниин, и Селемиј, синот Хусиев, кај Варуха да му речат: „Земи го во раката книжниот свиток од кој што му читаше на народот и дојди!” Тогаш Варух, синот Нириин, го зеде книжниот свиток во раката и дојде кај нив. 15 Тие му рекоа: „Ајде, седни и прочитај ни.” И Варух им прочита. 16 Кога ги чуја сите оние зборови, се погледаа исплашено и му рекоа на Варуха: „Треба сè тоа да му го кажеме на царот.” 17 И го прашаа Варуха: „Ајде, објасни ни како ти ги напиша сите тие зборови.” 18 Варух им рече: „Еремија ми ги кажуваше сите тие зборови, а јас со црнило ги запишав во книжниот свиток.” 19 Тогаш кнезовите му рекоа на Варуха: „Оди, и скриј се, ти и Еремија; никој да не знае каде сте.” 20 И, откако го оставија книжниот свиток во дворницата на писарот Елисам, отидоа кај царот во преддворјето на дворецот и му раскажаа за сè. 21 Царот го испрати Јудиј да го донесе книжниот свиток: тој го донесе од собата на писарот Елисам и им го прочита на царот и на кнезовите, кои стоеја околу него. 22 Царот седеше во зимскиот дворец - тоа беше во деветтиот месец - а пред него стоеше разгорена жар. 23 И кога Јудиј би прочитал три-четири столпчиња, царот ги пресекуваше со писарско пероножче, и ги фрлаше во огнот на жарта сè додека целиот книжен свиток не беше уништен во огнот на жарта. 24 Ни царот ни неговите слуги не се исплашија, ниту ги раскинаа облеките кога ги чуја тие зборови, 25 па сепак Елнатан, Делај и Гемариј го молеа царот да не го спалува книжниот свиток, ама тој не ги послуша. 26 Тогаш царот им заповеда на царевиот син Ерамеил и на Серај, синот Азрилов, и на Селемиј, синот Авдилов, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги беше скрил. 27 И така, откако царот го изгоре книжниот свиток со зборовите што Варух ги имаше напишано според Еремииното кажување, му дојде Господовото слово на Еремија: 28 „Земи друг книжен свиток и запиши ги во него сите оние зборови што беа на првиот книжен свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре. 29 А против Јоакима, јудејскиот цар речи вака: ‘Господ зборува вака: „Го изгоре книжниот свиток зборувајќи: ‘Зошто во него напиша дека ќе дојде вавилонскиот цар, кој ќе ја запусти оваа земја и ќе ги истреби луѓето и добитокот?’” 30 Затоа вака зборува Господ против Јоакима, јудејскиот цар: „Тој не ќе има потомок за да седне на Давидовиот престол, а неговото мртво тело ќе биде фрлено дење на припек и на ноќен мраз. 31 Ќе ги казнам: него, и неговото потомство, и неговите слуги заради нивното беззаконие, и ќе дотерам на Ерусалимците и на Јудејците - сето зло со кое им се заканував, а не Ме слушаа.”‘“ 32 Тогаш Еремија зеде втор книжен свиток, му го даде на писарот Варух, синот Нириин, и тој по кажувањето на Еремија ги запиша сите зборови на книжниот свиток, што Јоаким, јудејскиот цар, го изгоре во жарта. И кон нив беа допишани уште многу онакви зборови.
1 После Хониј, синот Јоакимов, се зацари Седекија, синот Јосиин. Навуходоносор, вавилонскиот цар, го постави за цар во Јудејската Земја. 2 Ама ни тој ни неговите слуги ни народот на земјата не ги слушаа зборовите, што Господ ги зборуваше преку устата на пророкот Еремија. 3 Царот Седекија ги испрати Јеухал, синот Селемиин, и свештеникот Софониј, синот Масиин, кај пророкот Еремија со порака: „Дај, помоли Му се за нас на Господа, нашиот Бог!” 4 Во она време Еремија уште одеше меѓу народот, и уште не го имаа фрлено во темница. 5 А фараоновата војска навлегуваше од Египет: откако го чуја тоа, Халдејците, кои го опсадуваа Ерусалим, се оддалечија од градот. 6 Тогаш Господовото слово му се јави на пророкот Еремија: 7 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘На јудејскиот цар, кој ве испрати кај мене да ме прашате, речете му вака: „Еве, фараоновата војска, што ви доаѓа на помош, ќе се врати во својата земја, Египет. 8 Халдејците пак ќе го нападнат овој град, ќе го освојат и ќе го спалат.”‘ 9 Господ зборува вака: ‘Не занесувајте се со мислата: „Халдејците ќе си одат од нас,” зашто тие не ќе си отидат! 10 Па и да ја разгромите сета халдејска војска што се бори против вас, така што од неа да останат само ранетите, тие пак, секој од својот шатор, ќе станат за да го уништат со пожар овој град.’” 11 Кога халдејската војска заради фараоновата војска требаше да ја прекрати опсадата на Ерусалим, 12 и Еремија сакаше да замине од Ерусалим и да отиде во Венијаминовата Земја та таму да добие дел од роднините. 13 Ама кога стигнаа до Венијаминовата Врата, таму беше заповедник на стражата Ереј, синот на Ананиевиот син Селемиј. Тој го застана пророкот Еремија, извикувајќи: „Ти сакаш да пребегаш кај Халдејците!” Еремија одговори: 14 „Не е вистина, не сакам да пребегам кај Халдејците!” Ама и не слушајќи го Еремија, Ереј го фати и го одведе при кнезовите. 15 Достоинствениците му се налутија на Еремија, та го натепаа и го затворија во куќата на писарот Јонатан, што ја беа претвориле во темница. 16 Така Еремија се најде во јама со свод над неа. Таму Еремија остана многу време. 17 Тогаш царот Седекија испрати по него. И насамо, во дворецот, царот го праша: „Има ли слово од Господа?” А на тоа Еремија рече: „Секако!” И додаде: „Ќе бидеш предаден во рацете на вавилонскиот цар!” 18 Тогаш Еремија му рече на Седекија: „Што ви скривив тебе, на твоите слуги и на овој народ, та ме фрливте во темница? 19 Каде се сега вашите пророци што ви прорекоа: ‘Вавилонскиот цар нема да удри на вас ни на оваа земја?’ 20 А сега, ајде, чуј ме господару мој и цару, послушај ја мојата молба! Немој да ме вратат пак во куќата на писарот Јонатан, за да не умрам таму!” 21 Тогаш царот Седекија нареди, и го одведоа Еремија во темничкиот двор, та му даваа секој ден парче леб од Пекарската улица, се додека не потснема леб во градот. И така Еремија остана во темничкиот двор.
1 Сефатиј, синот Матанов, и Годолиј, синот Пасхоров, и Јухал, синот Малхиин, чуја тогаш за зборовите што Еремија му ги кажа на сиот народ: 2 „Господ зборува вака: ‘Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, од глад и од помор. А кој ќе излезе пред Халдејците, ќе го спаси животот - животот ќе му остане како корист, ќе остане жив.’ 3 Зашто Господ зборува вака: ‘Овој град навистина ќе падне во рацете на војската на вавилонскиот цар и таа ќе го заземе!’” 4 Тогаш кнезовите му рекоа на царот: „Овој човек треба да биде убиен: тој навистина ги обесхрабрува воините кои уште останаа во градот и сиот народ, кога зборува такви зборови пред нив. Па тој човек не го бара доброто на овој народ, туку неговата пропаст.” 5 А царот Седекија одговори: „Ете, тој е во вашите раце, зашто царот и така нема веќе власт над вас.” 6 Тогаш го грабнаа Еремија и го фрлија во јамата на царскиот син Малхиј, што беше во темничкиот двор, и тие го спуштија со јажиња. Ама во водособиралиштето немаше вода, туку само тиња, така што Еремија пропадна во тињата. 7 Но Кушитот Авде-Мелех, дворјанец кој беше во царскиот дворец, чу дека Еремија го фрлија во водособиралиштето додека царот токму седеше кај Венијаминовата Врата. 8 Тогаш Авде-Мелех излезе од царскиот дворец, та вака му рече на царот: 9 „Господине, цару мој, овие луѓе прават зло кога постапуваат така со пророкот Еремија: го фрлија во јамата, каде ќе умре од глад, зашто нема леб во градот.” 10 Тогаш царот му заповеда на Етиопецот Авде- Мелех: „Поведи оттука тројца луѓе, па извлечете го пророкот Еремија од водособиралиштето, додека не умрел.” 11 И Авде-Мелех ги поведе луѓето, влезе во царскиот дворец, под ризницата: зеде таму малку износени и искинати облеки, та со јаже му ги спуштија на Еремија во јамата. 12 Кушитот Авде-Мелех му рече на Еремија: „Сложи ги износените и искинатите облеки под пазувата и под јажињата.” Еремија направи така. 13 Тогаш со јажињата го извлекоа Еремија од јамата. Оттогаш Еремија остана во темничкиот двор. 14 Царот Седекија испрати по пророкот Еремија, та го повика да дојде кај него на третиот влез што води во Господовиот Дом. Царот му рече на Еремија: „Сакам да те прашам нешто, немој ништо да ми затаиш!” 15 Еремија му одговори на Седекија: „Ако ти кажам, нема ли да ме погубиш? Ако пак те посоветувам, не ќе ме послушаш!” 16 Тогаш царот Седекија му се заколна во тајност на Еремија со овие зборови: „Живиот ми Господ, Кој ни го даде овој живот, не ќе те погубам и не ќе те предадам на оние што ти работат спроти главата.” 17 И така, Еремија му рече на Седекија: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако излезеш пред војсководачите на вавилонскиот цар, ќе ја спасиш главата, и овој град нема да биде уништен со оган; ќе живеете ти и твојот дом. 18 Ако пак не излезеш пред војсковотците на вавилонскиот цар, овој град ќе падне во рацете на Халдејците, и тие ќе го спалат, а ти не ќе се спасиш од нивните раце.’” 19 А царот Седекија му одговори на Еремија: „Се плашам од Јудејците кои пребегаа кај Халдејците: би можеле да ме предадат и мене во нивните раце за да ми се потсмеваат.” 20 Еремија одврати: „Тие нема да го направат тоа. Послушај го Господовиот глас, според кој ти зборував, ќе ти биде добро и ќе го спасиш својот живот. 21 Ама ако не сакаш да излезеш од градот, еве го словото што Господ ми го објави: 22 ‘Ете, сите жени кои уште останаа во дворецот на јудејскиот цар ќе бидат одведени кај војсковотците на вавилонскиот цар и ќе зборуваат: „Те заведоа, Те совладаа, твоите верни пријатели! Кога нозете ти пропаѓаат во кал, тие те напуштаат!” 23 Да, сите твои жени и твои деца ќе ги одведат кај Халдејците, а ни ти самиот нема да им избегаш на нивните раце: ќе допаднеш во рацете на вавилонскиот цар, а овој град ќе биде изгорен.’” 24 Седекиј му рече на Еремија: „Никој жив не смее да научи нешто за тоа, инаку ќе умреш. 25 И така, ако кнезовите научат дека разговарав со тебе, па дојдат кај тебе и речат: ‘Та јави ни што ти кажа царот тебе, а ти нему; не криј ништо пред нас, инаку ќе те убиеме,’ 26 одговори им: ‘Го молев царот да не ме враќа веќе во Јонатановата куќа, за да не умрам таму!’” 27 И навистина, кнезовите дојдоа кај Еремија, па го испитуваа. Ама тој им одговори токму онака како што му беше наредил царот. Тогаш го оставија, зашто ништо не се расчу за оној разговор. 28 И така, Еремија го оставија во темничкиот трем сè до денот кога непријателот го зазеде Ерусалим. Кога го зазедоа Ерусалим, тој беше таму.
1 Во деветтата година на царот Седекија, јудејскиот цар, во десеттиот месец, Навуходоносор, вавилонскиот цар, тргна со сета војска против Ерусалим, та го опсади. 2 Во единаесеттата година на царот Седекија, во четвртиот месец, во деветтиот ден на месецот, навлегоа во градот. 3 Сите војсководачи на вавилонскиот цар влегоа па се сместија кај Средната Врата: Нергал Сар-Есер, кнезот Сам-Гарневон, Сар-Сехим, врховен заповедник, Нергал Сар-Есер, висок достоинственик, и сите други војсководачи на вавилонскиот цар. 4 Кога ги видоа Седекија, јудејскиот цар, и сите негови воини, почнаа да бегаат преку Царската Градина низ вратата меѓу два ѕида, ноќе излегоа од градот и тргнаа кон долината Араба. 5 Но халдејските чети ги гонеа и го настигнаа Седекија во Ерихонските Полиња. Го фатија, го одведоа во Ривла, во Ематската Земја, пред Навуходоносора, вавилонскиот цар, кој му изрече пресуда. 6 И вавилонскиот цар даде во Ривла, пред очите на царот Седекија, да ги заколат неговите деца. А вавилонскиот цар даде да бидат погубени и сите јудејски првенци. 7 На Седекија му ги ископа очите, го стави во окови за да го одведе во Вавилон. 8 Халдејците ги запалија царскиот дворец и куќите на народот и ги разурнаа ерусалимските ѕидови. 9 Остатокот од населението што остана во градот, бегалците што му се предадоа и сиот друг народ ги отера во ропство во Вавилон - Невузардан, заповедникот на телесната стража. 10 А од бедниот народ што немаше ништо, Невузардан, заповедникот на телохранителите, остави некои во Јудејската Земја и им раздели лозја и ниви. 11 За Еремија Навуходоносор, вавилонскиот цар, му заповеда на Невузардан, на заповедникот на телесната стража: 12 „Земи го, и твоето око нека бдее над него. Не прави му никакво зло, туку постапувај со него како што тој ќе посака.” 13 Тогаш Невузардан, заповедникот на телесната стража, Невусазван, висок достоинственик, Нергал Сар-Есер, врховен заповедник, и сите војсководачи на вавилонскиот цар, 14 испратија луѓе за да го изведат Еремија од темничкиот двор, и му го предадоа на Годолиј, син Ахикамов, син Сафанов, за да го одведат дома. И така тој остана меѓу народот. 15 Додека Еремија беше затворен во темничкиот двор, му дојде Господово слово: 16 „Отиди и речи му на Етиопецот Авде-Мелех: ‘Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да се исполнат Моите зборови против овој град, за несреќа, не за негово спасение. И кога во оној ден пред твоите очи се обистинат, 17 Јас ќе те спасам во оној ден - говори Господ - и не ќе бидеш предаден во рацете на луѓето пред кои што трепериш, 18 зашто Јас ќе те спасам навистина, па нема да загинеш од меч, туку ќе го добиеш животот како корист, зашто се надеваше во Мене - говори Господ.’”
1 Ова е словото што Господ му го упати на Еремија, откако Невузардан, заповедникот на телесната стража, го пушти од Рама. Го оддвои кога веќе, окован во вериги, беше меѓу сите ерусалимски и јудејски заточеници, што ги водеа во Вавилон. 2 И така, откако го оддвои, заповедникот на телесната стража му рече: „Господ, твојот Бог, му се закани со несреќа на ова место. 3 Изврши и направи како што се закани, зашто грешевте против Господа и не го слушавте Неговиот глас. Затоа и ве најде ова зло. 4 Еве, сега ги одврзувам оковите од твоите раце. Ако ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, тргни со мене, и моето око ќе бдее над тебе. Ако не ти е по волја да дојдеш со мене во Вавилон, ти остани. Еве, целата земја е пред тебе: можеш да одиш каде што ти сака окото, каде што ќе ти биде добро. 5 И така, ако сакаш да останеш, можеш да појдеш кај Годолиј, синот Ахикамов, синот Сафанов, кого што вавилонскиот цар го постави над јудејските градови, и остани кај него среде народот, или пак можеш да одиш каде што ти е мило.” Потоа заповедникот на телесната стража му даде храна и подарок кон тоа и го отпушти. 6 Тогаш Еремија се запати во Миспа, кај Годолиј, синот Ахикамов, та остана кај него среде народот што остана во земјата. 7 Сите воени заповедници, и нивните луѓе наоколу, научија дека вавилонскиот цар и го постави на земјата за намесник Ахикамовиот син Годолиј та му ги доверил мажите, жените и децата и сиромасите, кои уште не беа одведени во вавилонско заточение. 8 И дојдоа пред Годолиј во Миспа: Нетаниовиот син Исмаило, Кариовиот син Јоанан; Тануметовиот син Серај, потоа синовите на Офиј Нетофаканецот, Махатиовиот син Езаниј, тие и нивните луѓе. 9 Годолиј, син на Сафановиот син Ахикам, им се заколна ним и на нивните луѓе и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците, останете во земјата, бидете му верни на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро. 10 А јас, ете, ќе останам во Миспа во служба на Халдејците кои што доаѓаат кај нас. Вие пак соберете го грозјето, соберете ги овошките и маслинките, ставете ги во садови и останете во градовите што сте ги зазеле.” 11 И сите Јудејци што се најдоа во Моав, кај Амоновите синови, и во Едом, по сите земји, научија дека вавилонскиот цар остави остаток во Јудеја и дека го поставил над нив Годолиј, син на Сафановиот син Ахикам. 12 И тогаш сите Јудејци се вратија од сите места каде што ги беа распрснале, се вратија во Јудејската Земја кај Годолиј во Миспа, па набраа мошне многу грозје и други овошки. 13 А Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници отидоа кај Годолиј во Миспа, 14 па му рекоа: „А знаеш ли дека амонскиот цар Валис го испрати Исмаило, синот Нетаниин, за да те убие?” Но Годолиј, синот Ахикамов, не им поверува. 15 Тогаш Јоанан, синот Кариов, му рече потајно на Годолиј, во Миспа: „Одам да го убијам Исмаило, синот Нетаниин, така што никој нема да научи. Зошто тој да те убие тебе, и пак да се распрснат сите Јудејци, кои се собраа околу тебе? И зошто да пропадне остатокот на Јудејците?” 16 Но Годолиј, синот Ахикамов, му одговори на Јоанана, синот Кариов: „Немој да го правиш тоа! Зашто е лага што го зборуваш за Исмаило.”
1 Во седмиот месец, дојде Исмаило, синот Нетаниин, син Елисаминов, од царски род, со десет луѓе и го побара Годолија, синот Ахикамов, во Миспа. И додека таму во Миспа, се гостеа заедно, 2 се крена Исмаило, синот Нетаниин, со своите десетмина, и со меч го погубија Годолиј, синот Ахикамов. И така го уби човекот, кого вавилонскиот цар го беше поставил над земјата. 3 А и сите Јудејци кои што беа со него во Миспа, и Халдејците, војници што се најдоа таму - Исмаило нареди да ги погубат. 4 Утреден, откако беше убиен Годолиј, додека уште никој не знаеше што се случи, 5 дојдоа луѓе од Сихем, од Сило и од Самарија, осумдесетмина, со избричени бради, искинати облеки и со зарези по телото, носејќи во рацете приноси и темјан, за да ги принесат во Господовиот Дом. 6 Исмаило, синот Нетаниин, им излезе од Миспа во пресрет, додека тие, плачејќи одеа по својот пат. Кога ги стигна, им рече: „Дојдете кај Годолиј, синот Ахикамов!” 7 А кога стигнаа среде градот, Исмаило, синот Нетаниин, и неговите луѓе ги заклаа и ги фрлија во јама. 8 А меѓу нив имаше десет луѓе кои што му рекоа на Исмаило: „Не нè убивај, зашто имаме во полињата закопани одвишоци пченица, јачмен, масло и мед.” Тој тогаш се откажа и не ги уби со нивните браќа. 9 А водособиралиштето во кое Исмаило ги фрли сите тела на погубените луѓе, големото водособиралиште, беше тоа истото што царот Аса го имаше направено против Васа, израелскиот цар. И сега, Исмаило, синот Нетаниин, го наполна со убиени луѓе. 10 Тогаш Исмаило го одведе остатокот на народот од Миспа, заедно со царските ќерки, кои што Невузардан, заповедник на телохранителите, му ги довери на Годолиј, синот Ахикамов: во самите мугри тргна Исмаило, синот Нетаниин, и се запати да ја помине земјата на Амоновите синови. 11 Но кога Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници што беа со него, научија за сите злостори што ги имаше направено Исмаило, синот Нетаниин, 12 ги зедоа сите свои војници те тргнаа во бој против Исмаило, синот Нетаниин. Го најдоа покрај големата вода во Гаваон. 13 Штом оние луѓе кои што беа кај Исмаило го здогледаа Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници, кои беа со него, се зарадуваа, 14 и сиот народ што Исмаило го одведе од Миспа се заврте и потрча кон Јоанана, синот Кариов. 15 Но Исмаило, синот Нетаниин, со осум луѓе избега од Јоанана и отиде кај Амоновите синови. 16 Тогаш Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници кои беа со него, го зедоа останатиот народ што Исмаило, синот Нетаниин, откако го уби Годолиј, синот Ахикамов, го доведе од Миспа: мажите, жените и децата, и дворјаните, кои ги доведе од Гаваон. 17 Тргнаа, а кај Химамовата Гостилница, што е покрај Витлеем, тие се одморуваа за да можат да го продолжат патот и да стигнат во Египет, 18 што подалеку од Халдејците, од кои се плашеа: зашто Исмаило, синот Нетаниин, го уби Годолија, синот Ахикамов, кого што вавилонскиот цар го имаше поставено за намесник во земјата.
1 Тогаш сите воени заповедници, особено Јоанан, синот Кариов, и Езаниј, синот Осаев, и сиот народ, мало и големо, пристапија 2 и му рекоа на пророкот Еремија: „Чуј ја внимателно нашата молба! Моли се за нас пред Господа, својот Бог, за сиот овој Остаток, зашто, како што гледаш и самиот, нè остана уште сосем малку од големиот број колку што нè имаше некогаш. 3 Нека Господ, твојот Бог, ни објави каде да тргнеме и што треба да правиме.” 4 Пророкот Еремија им одговори: „Се согласувам, ќе Му се помолам, како што рековте на Господа, вашиот Бог, и ќе ви јавам сè што Тој ќе ви одговори, ниеден збор нема да ви скријам.” 5 Тие пак му рекоа на Еремија: „Господ нека биде вистински и веродостоен сведок против нас ако не постапиме сосем според зборовите што Господ, твојот Бог, ќе ни ги соопшти преку тебе. 6 Било да е поволен или неповолен гласот на Господа, нашиот Бог, кај Кого те праќаме, ние ќе го слушаме, за да ни биде добро, зашто го послушавме гласот на Господа, нашиот Бог.” 7 По десет денови Господовото слово му дојде на Еремија. 8 Тогаш тој ги повика Јоанан, синот Кариов, сите воени заповедници кои беа со него, и сиот народ, мало и големо, 9 па им рече: „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог, Кому ме испративте за да ја излеам пред Него вашата молба: 10 ‘Ако бидете живееле мирно во оваа земја, ќе ве подигнам, и нема веќе да ве разурнам; ќе ве посадам, а нема да ве откорнам. Зашто се сожалив за бедата што ви ја сторив. 11 Не бојте се од вавилонскиот цар од кого се плашите. Не бојте се од него - говори Господ - зашто Јас Сум со вас за да ве спасам и да ве избавам од неговите раце. 12 И Јас ќе ви покажам милост да ви се смилува и да ве пушти да живеете во оваа земја.’ 13 Ако пак речете: ‘Не, ќе останеме во оваа земја,’ не покорувајќи Му се на гласот на Господа, својот Бог, 14 ако речете: ‘Не, одиме во Египет, за да не видиме веќе војна, за да не го чуеме веќе гласот на бојниот рог, за да не бидеме веќе гладни за леб; да одиме онаму.’ 15 Тогаш чујте го Господовото слово, вие кои сте Остаток на Јудеја: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Ако одлучивте да тргнете во Египет, за да живеете таму, 16 мечот од кој се плашите, ќе ве стигне во Египетската Земја; гладот од кој се страшите, ќе ви биде зад петиците во Египет: и таму ќе умрете! 17 И сите оние кои ќе решат да отидат во Египет и да се населат таму, ќе загинат од меч, од глад и од помор: никој жив не ќе и избега на несреќата што ќе ја навалам врз нив.’ 18 Зашто вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Како што Мојата расрденост и Мојот бес се оборија врз Ерусалимците, така Мојот гнев ќе се излее и врз вас ако тргнете во Египет: ќе станете проклетство, ужас и клетва и потсмев, а ова место никогаш веќе не ќе го видите.’ 19 Вам, кои сте остаток на Јудеја, Господ ви порачува да не одите во Египет. Знајте добро дека денес бев сведок против вас. 20 Зашто самите себе се измамувате. Та вие ме испративте кај Господа, својот Бог, велејќи: ‘Моли се за нас пред Господа, нашиот Бог, и соопшти ни сè што Тој ќе ти објави, и ние ќе го направиме тоа.’ 21 А денес ви објавив, ама вие веќе не го слушате гласот на Господа, вашиот Бог, Кој ме испрати кај вас. 22 И така, знајте добро: ќе загинете од меч, од глад и од помор во местото каде што сакате да одите, за да се населите таму.”
1 Кога Еремија му ги кажа на сиот народ сите зборови на Господа, нивниот Бог, сите оние зборови кои Господ, нивниот Бог, ги испрати до нив, 2 Езаниј, синот Осаев, и Јоанан, синот Кариов, и сите оние дрски луѓе му одговорија на Еремија: „Ни зборуваш лаги.” Не те испрати Господ да ни зборуваш: ‘Не одете во Египет за да се населите таму,’ 3 туку Варух, синот Нириин, те наговори да нè предадеш во рацете на Халдејците, кои ќе нè погубат или ќе нè одведат во вавилонско заточение!” 4 И Јоанан, синот Кариов, и сите заповедници и сиот народ не го послушаа Господовиот глас, за да останат во Јудејската Земја. 5 Туку Јоанан, синот Кариов, и воените заповедници го поведоа сиот Јудин остаток, оние кои што се беа вратиле од земјите во кои што беа заточени, за да се населат во Јудејската Земја: 6 мажите, жените и децата, и сите царски ќерки и сите луѓе кои Невузардан, заповедникот на телесната стража, ги остави кај Годолиј, синот Ахикамов, синот Сафанов, па и пророкот Еремија, и Варуха, синот Нириин, 7 та тие се иселија во Египет, зашто не го слушаа Господовиот глас. И дојдоа до Тафнес. 8 Во Тафнес му дојде Господово слово на Еремија: 9 „Земи во рацете големи камења и вгради ги, пред сите Јудејци, со кал во поплочницата пред влезот во фараоновиот дворец. 10 И речи им: ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Еве праќам по Својот слуга Навуходоносор, вавилонскиот цар. Тој ќе го постави престолот врз овие камења што ги вградив и над нив ќе го оптегне својот царски шатор. 11 Да, ќе дојде и ќе ја порази Египетската Земја: Кој е за смрт, во смрт! Кој е за заточение, во заточение! Кој е за меч, под меч! 12 Тој со оган ќе ги изгори домовите на египетските богови, ќе ги изгори и ќе ги истера боговите, ќе ја исчисти Египетската Земја, како што пастирот ја треби својата облека. И тогаш, во мир ќе си отиде оттука. 13 Ќе ги искрши спомениците на капиштето на Сонцето што е во Хелиопол, а капиштата на египетските богови ќе ги изгори со оган.”‘“
1 Слово што му се јави на Еремија за сите Јудејци кои живееја во Египетската Земја, кои живееја во Мигдол, во Тафнес и во земјата Патрос. 2 „Вака зборува Господ пад Воинствата, Израелевиот Бог: ‘И самите ја видовте сета несреќа што ја навалив врз Ерусалим и врз сите јудејски градови; еве денес тие се куп урнатини, а во нив никој веќе не живее, 3 заради нивните злодела што ги направија за да Ме навредуваат Мене, тргнувајќи кон други богови што не ги познавате: ни тие, ни вие, ни вашите татковци, за да им кадат и за да им служат. 4 А Јас постојано ви ги праќав Своите слуги, пророците, за да ви речат: „Не правете ги тие гнасости што Ми се замразени!” 5 Ама тие не Ме слушаа, ниту го приклонија своето уво за да се откажат од своето зло и да прекратат да им кадат на туѓи богови. 6 Затоа се излеа Мојот гнев и Мојата расрденост, и се распламтија во јудејските градови и по ерусалимските улици, та се претворија во пустина и во урнатини, како што се денес. 7 Зошто самите навалувате врз себеси таква голема несреќа - зборува Господ, Бог над Војските, Израелевиот Бог - та самите истребувате од корен сè: машко и женско, деца и младенчиња, та ни остатокот нема да ви остане, 8 зашто Ме навредувате со делата на вашите раце, кадејќи им на туѓи богови во Египетската Земја, во која што дојдовте да престојувате, а ќе бидете откорнати и ќе станете клетва и потсмев меѓу сите народи на земјата? 9 Ги заборавивте ли беззаконијата на своите татковци, беззаконијата на јудејските цареви, беззаконијата на своите кнезови и на нивните жени, и своите беззаконија, беззаконијата на своите жени, направени во Јудејската Земја и по ерусалимските улици. 10 До денешен ден не се покајаа, не се боеја, не живееја според Мојот Закон ни по Моите одредби, што ви ги дадов вам и на вашите татковци.’ 11 Затоа вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Еве, Го свртувам Своето лице против вас, за ваша несреќа, за да ја сотрам сета Јудејска Земја. 12 Ќе го однесам остатокот на Јудеја кој одлучи да оди во Египетската Земја, за да се насели таму; сите ќе загинат во Египетската Земја, ќе паднат од меч, ќе гинат од глад, ќе загинат сите, мало и големо, ќе изумрат од меч и од глад, и ќе бидат проклетство, ужас, клетва и укор. 13 Ќе ги казнам сите што ќе бидат во Египетската Земја, како што го казнив Ерусалим: со меч, со глад и со помор. 14 А од остатокот на Јудеја што дојде да се настани во Египет, никој не ќе избега ниту ќе преживее, за да би можел да се врати во Јудејската Земја, по која им копнеат душите, за да се вратат во неа и за да се настанат таму. Зашто никој не ќе се врати, освен бегалците.’” 15 И тогаш сите мажи кои што знаеја дека жените им кадат на туѓи богови, и сите присутни жени, во големо мноштво, и сиот народ што живееше во Египетската Земја и во Патрос, му одговорија на Еремија: 16 „Зборовите што ни ги објави во Господово Име ние не ги слушаме; 17 спротивно, и натаму ќе го пазиме словото излезено од нашите усти: ќе и кадиме на небеската царица и ќе лееме налевници, како што и ние и нашите татковци, нашите цареви и нашите кнезови правеа во јудејските градови и по ерусалимските улици: тогаш имавме леб во изобилство, бевме среќни, и не трпевме никаква несреќа. 18 Но откако прекративме да и кадиме на небеската царица и да и лееме налевници, бевме скудни во сè, и гиневме од меч и од глад.” 19 А жените рекоа: „Кога и кадиме на небеската царица и и лееме налевници, зар без знаење на своите мажи печеме колачиња во облик на нејзиниот лик и лееме налевници?” 20 Тогаш Еремија на сиот народ, на мажите и жените, и на сите луѓе што му зборуваа така, им рече: 21 „Не си ли спомна Господ и не Го ѓибна ли во срцето темјанот што го палевте по јудејските градови и по ерусалимските улици, вие и вашите татковци, вашите цареви, кнезови и земниот полк? 22 Господ не можеше веќе да ги поднесува вашите злодела и гнасостите што ги направивте, и затоа вашата земја се претвори во пустина и урнатини, во проклетство, без жители, како што е и денес. 23 Заради тоа што, принесувајќи темјан, Му згрешивте на Господа, зашто не го слушавте Господовиот глас и не ги пазевте Господовиот Закон и неговите наредби и сведоштва, ве најде оваа несреќа, каква што е денес.” 24 Потоа Еремија му рече на сиот народ, особено на жените: „Чујте го Господовото слово, сите Јудејци што сте во Египетската Земја: 25 Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘Вие, и вашите жени, тоа што го зборувале вашите усти, тоа вашите раце и го правеле. Рековте: „Ќе ги исполниме нашите ветувања што ги ветивме: ќе и кадиме на небеската царица и ќе и лееме налевници.” Пазете ги само своите завети и лејте и налевници!’ 26 Но затоа чујте го Господовото слово, сите вие Јудејци населени во Египетската Земја: ‘Еве, се заколнувам во Своето големо Име, зборува Господ. Во целата Египетска Земја ниту една јудејска уста не ќе го изговори веќе Моето Име: никој не ќе рече: „Живиот ми Господ!” 27 Еве, бдеам над нив, за несреќа, а не за нивно добро: сите луѓе што се во Египетската Земја ќе загинат од меч и од глад до потполно истребување. 28 И ќе бидат малку тие кои ќе му побегнат на мечот и ќе се вратат од Египетската Земја во Јудејската Земја. Тогаш сиот јудејски Остаток, сите кои што дојдоа во Египетската Земја за да живеат таму, ќе научат чиј збор е повреден, Мојот или нивниот. 29 А ова нека ви биде знак - говори Господ - дека ќе ве казнам на ова место, за да знаете дека, вам за погибел, ќе се исполнат Моите закани пред вас.’ 30 Вака зборува Господ: ‘Ете, ќе го предадам фараонот Вафриј, египетскиот цар, во рацете на неговите непријатели и во рацете на оние што му работат спроти главата, токму како што го предадов Седекија, јудејскиот цар, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, неговиот непријател кој му работеше спроти главата.’”
1 Словото што му го упати Еремија на писарот Варух, синот Нириин, додека тој ги запишуваше тие зборови во книжниот свиток од Еремиината уста, во четвртата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар: 2 „Вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за тебе, Варух: 3 ‘Зашто рече: „Тешко мене зашто Господ ми дава неволја врз неволја. Се заморив од воздивнувања и не можам да најдам мир!”‘ 4 Вака ќе му кажеш: ‘Господ зборува вака: „Еве, што изградив, ќе го разурнам, што посадив, ќе го откорнам - по сета земја! 5 А ти бараш чудеса за себе! Не барај го тоа! Зашто, ете, ќе навалам зло врз сè живо - зборува Господ. А тебе како плен ќе ти го подарам твојот живот во сите места каде ќе дојдеш.”‘“
1 Словото што Господ му го упати на пророкот Еремија против народите. 2 Уште за Египет. Против војската на фараонот Нехаон, египетски цар, кој беше покрај реката Еуфрат, во Харкемис, и кого царот Навуходоносор го порази, во четвртата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар. 3 „Подгответе штитови и оклопи! Напред, во бој! 4 Впрегнете ги коњите! На коли, возачи! Поставете се под кацигите! Насочете ги копјата! Навлечете ги оклопите! 5 Што гледам? Вчудоневидени, се повлекуваат? Нивните јунаци, поразени, се дадоа во бегство, со главата без обѕир! ужас отсекаде - говори Господ. 6 Ни најбрзиот не избега, ни најхрабриот не се извлече! На север, покрај брегот на Еуфрат, се сопинаат и паѓаат. 7 Кој се дига како Нил, чии води шумат, како потоци? 8 Египет се дига како Нил, водите му шумат како потоци. И вели: ‘Ќе се дигнам, ќе ја преплавам земјата, ќе ги запустам градовите и населението!’ 9 Коњи, напред! Летнете, бојни коли! Навалете, воини! Хуси, Фуди, заштитени со штитови, и Лудејци, што стрелаат со лак! 10 Ова е ден на Господа над Војските - ден на одмазда за да им се одмазди на Своите непријатели: мечот ќе се изнајаде, ќе се насити, ќе го смири гладот со нивната крв! Зашто Господ, Господ над Војските, има жртвен колеж во Северната Земја покрај брегот на Еуфрат. 11 Искачи се на Галад, побарај балзам, девице, египетска ќерко! Напразно многу лекови: нема оздравување за тебе! 12 Народите чуја за твојот срам, твоите викотници ја наполнија земјата. Зашто јунак се сопнува од јунак и двајцата паѓаат.” 13 Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, дојде за да удри на Египетската Земја. 14 „Навестете му на Египет, објавете во Мигдол, разгласете во Мемфис: ‘Подреди се! Приготви се! Зашто мечот веќе голта сè околу тебе!’ 15 Што? Зар Апис избега? Твојот бик не устои? Да, Господ го обори! 16 Тој направи та мнозина се сопнаа, испаѓаа еден на друг. И ете, зборуваат: ‘На нозе! Да се вратиме при својот народ, во својата родна грутка, пред погубувачкиот меч!’ 17 На фараонот, египетскиот цар, дајте му име: ‘Врева што го погоди вистинскиот час.’ 18 Жив Сум Јас - зборува Царот, Кому Му е Името Господ над Воинствата - тоа ќе дојде како Тавор среде планините, како Кармил над морето. 19 Подготви го заточеничкиот врзулец, задомена египетска ќерко, зашто Мемфис ќе биде претворен во пустина, ограбен и ненаселен. 20 Египет беше убава јуничка, но доаѓа, доаѓа против неа гибел од Север. 21 А и египетските наемници што како згоени телиња живееја и тие се свртија, се дадоа во бегство, не можат да устојат, зашто ги достасува Денот на пропаста, дојде време да бидат казнети. 22 Слушај! Како змија да с’ска, доаѓаат со сета сила, со секири се нафрлаат врз неа, токму како дрварите. 23 Ќе ја исечат гората - говори Господ - иако е непроодна. Ги има повеќе од скакулците, им нема број. 24 Засрамена е Египетската Земја, му е предадена на народот од Север.” 25 Зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве ќе ги казнам: Тебискиот Амон, фараонот и Египет, и сите негови богови, цареви, фараонот и сите кои што се надеваат на него. 26 Ќе ги предадам во рацете на оние што им работат спроти глава, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и во рацете на неговите слуги. А после Египет пак ќе биде населен, како во старите времиња - говори Господ. 27 Не бој се Јакове, Мој слуго, не плаши се, Израелу! Зашто, еве, ќе те спасам од далеку, и твоето потомство од земјата на заточението. Јаков пак ќе се смири, ќе живее спокојно, и никој не ќе го плаши. 28 Не бој се Јакове, Мој слуго, - говори Господ - зашто Јас Сум со тебе. Ќе ги сотрам народите меѓу кои те заточив, а тебе нема да те уништам сосем: но ќе те казнам според правдата, нема да те оставам неказнет.”
1 Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија за Филистејците пред фараонот да ја освои Газа. 2 Господ рече вака: „Еве, се дигаат води од Север и како збуени брзаци ја преплавуваат земјата и сè што е на неа, градовите и сите нивни жители. И луѓето викаат, и лелекаат сите жители на земјата, 3 покрај татнежот на копитата на неговите ждребиња, покрај тропањето на колите и тресокот на колцата. Татковците веќе не се грижат за своите деца, зашто рацете им се онемоштени, 4 заради денот што осуна за да ги истреби Филистејците, да ги сотре Тир и Сидон сè до последниот помагач. Зашто Господ ги истребува Филистејците, и сиот Остаток на Кафторските Острови. 5 На Газа ќе и биде избричена главата, Аскалон разурнат. А ти, Аштоду, Остаток на Анаковците, до кога тагата ќе те кине? 6 Леле, Господов мечу, кога ли ќе се смириш? Врати се во ножницата, застани и одмори се! 7 Но како да се смири, кога Господовата рака заповеда со него: против Аскалон и на морската песочина Тој го определи.
1 Против Моав. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Тешко и на гората Нево, зашто е запустена, засрамен е Киријатаим и освоен, тврдината засрамена, разурната, 2 ја нема веќе моавската гордост. Пропаста му ја сковаа во Есевон: ‘Ајде да го истребиме од народите!’ А ти, Мадмене, ќе бидеш разурнат, мечот веќе иде по тебе! 3 Слушај! Лелеци се слушаат од Оронаим: ‘Грабеж, страшна пропаст!’ 4 „Моав е здробен! се слуша врескањето на неговите мали. 5 Да, нагоре по ридот Луит се искачуваат плачејќи. Да, низ надолниците на Оронаим, се разнесува писокот над пропаста. 6 Бегајте, спасувајте го животот, угледајте се на пустинските ослиња!” 7 Зашто се надеваше во твоите тврдини, ќе бидеш и ти освоен. Хамос заминува на заточение, со своите свештеници и кнезови. 8 Запустувачот ќе дојде во секој град, ниеден нема да му избега: Долината ќе биде ограбена, Висорамништето запустено, зборува Господ. 9 Ставете му на Моав надгробен камен, зашто е урнат до основи; неговите градови се пустини, во нив никој не живее. 10 Проклет да е кој негрижливо ги извршува Господовите работи! Проклет да е кој својот меч не ќе го омрси со крв! 11 Од својата младост Моав уживаше мир, лежеше врз својата дрождина, никогаш не го преточуваа од бочва во бочва, никогаш не отиде на заточение: затоа вкусот му остана свеж, мирисот непроменет. 12 Но еве, доаѓаат денови - зборува Господ - и Јас ќе му испратам угнетувачи кои што ќе го преточуваат, ќе ги испразнат неговите бочви и ќе ги искршат неговите садови. 13 И тогаш Моав ќе се засрами заради Хамос, како што Израелевиот дом се засрами заради Ветил во кого се надеваше. 14 Како можете да речете: ‘Ние сме јунаци, храбри воини.’ 15 Запустувачот на Моав се нафрли врз него; цветот на неговата младост слегува во кланиците, зборува Царот, Господ над Восјките Нему Му е Име. 16 Наближува Моавовата пропаст, брза неговата гибел. 17 Жалете го, сите негови соседи, и сите кои што го знаете неговото име. Речете: ‘Како ли се скрши цврстата палка, величественото жезло!’ 18 Слези од својата слава, седи во кал, жителке, девонска ќерко! Зашто запустувачот на Моав се нафрли врз тебе, ги разурна сите твои тврдини. 19 Застани на патот и набљудувај, о жителу на Ароир! Прашај ги бегалците и преживеаните, прашај ги: ‘Што се случи тоа?’ 20 Моав се срами, зашто е скршен. Плачете, липајте! Известете во Арнон дека Моав е запустен. 21 Судот стигна над Висорамнината и над Олон, Јаса и Мифат, 22 над Девон, Нево, Вет Девлатаим, 23 Киријатаим, Вет Гамул, Вет Моен, 24 Кериот, Восор и над сите градови на Моавската Земја, далечните и блиските. 25 Рогот на Моав му е здробен, раката му е скршена. 26 Испијанете го, зашто сакаше да се возвиши над Господа: Моав нека се прпелка сега во својата блуваница, та и тој нека биде за потсмев. 27 Нели тебе Израел ти беше за потсмев? Дали можеби го најдоа во кражба, та мавташ со главата штом зборуваш со него? 28 „Оставете ги градовите, живејте во пештерите, жители на Моав! Бидете како гулаби што се гнездат врз стрмна карпа на работ на нејзината бездна! 29 Чувме за надуеноста на Моав, преголема надуеност, за неговата гордост, фалење, возвишување, за гордоста на неговото срце! 30 Го познавам Јас неговиот бес - говори Господ, лагата на неговите зборови! 31 Затоа треба да лелекам над Моав, да плачам над сите Моавци, да липам заради луѓето на Кир Ерес. 32 Повеќе отколку над Јазир, ќе плачам за тебе, о сивамска лозо, чии подници се протегаа преку море, стигаа сè до Јазир. Врз твоите берби и жетви сега падна запустувачот. 33 Исчезнаа радоста и веселбата, од овоштарниците и од Моавската Земја. Снема вино во бочвите, газачите веќе не го газат грозјето, веселите звуци веќе не се весели. 34 Викањето на Есевон и Елеал се слуша сè до Јаса. Викаат од Сигор до Оронаим и до Еглат Шелишиј, зашто и нимримските води се претворија во пустина. 35 Во Моав ќе направам - говори Господ - да не се искачуваат на високите места и да не им се кади на неговите богови. 36 Затоа срцето ми трепери како кавал за Моав, Моето срце трепери како свирка за луѓето на Кир Ерес: зашто пропадна печалбата што ја спечалија! 37 Сите глави се избричени и брадите потстригани; на сите раце засеци, вреќиште околу слабините. 38 На сите покриви на Моав и на неговите раскрсници само викања за помош, зашто го скршив Моав како врчва што никому не му е потребна - говори Господ. 39 Како ли ја скршив? Колку срамно Моав се даде во бегство! Моав стана потсмев и страшило за сите соседи.” 40 Зашто вака зборува Господ: „Ете, како орел трепери, над Моав шири крилја. 41 Градовите се заземени, тврдините освоени. Во тие денови срцето на моавските јунаци ќе биде како срцето на жена во породилни болки. 42 Моав е избришан од народите, зашто се возвиши над Господа. 43 Страв, јама и примка за тебе, жители на Моав! - говори Господ. 44 Кој ќе му избега на стравот ќе падне во јамата; кој ќе се извлече од јамата, ќе падне во примка. Да, тоа ќе го навалам врз Моав во деновите на неговата казна - зборува Господ. 45 Во есевонската сенка застануваат исцрпените бегалци. Но оган излегува од Есевон, пламен лиже од сионскиот дворец и му ги голта слепоочниците на Моав и темето на бунтовничките синови. 46 Тешко ти тебе, Моаву! Замислен си, Хамосов народу! Зашто твоите синови ги одведоа во заточение, твоите ќерки во пленство. 47 Но ќе му ја изменам кобта на Моав во иднина” - зборува Господ. Дотука - судењето на Моав.
1 За Амоновите синови. Господ зборува вака: „Израел нема синови, нема наследник? Зошто Малхом го наследи Гад и неговиот народ се насели во неговите градови? 2 Затоа, еве, доаѓаат денови - говори Господ - и ќе направам да се чујат воени извици во Рава на Амоновите синови, и таа ќе биде ограбена грамада, а нејзините населби изгорени со оган. Тогаш Израел ќе ги ограби своите ограбувачи - зборува Господ. 3 Плачи, Есевоне, зашто Гај е запустен, викајте на помош равски ќерки. Препашете вреќиште, почнете тажачки, обиколувајте меѓу оградите. Зашто Малхом треба да оди на заточение, со свештениците и со кнезовите. 4 Зошто се фалиш со својата долина, одметничка ќерко, која што се надеваш во своето богатство и зборуваш: ‘Кој се осмелува да стане против мене?’ 5 Еве, навалувам врз тебе страв отсекаде наоколу: ќе бидете распрснати, секој на своја страна, и никој не ќе ги собере бегалците. 6 Но тогаш пак ќе ја изменам несреќата на Амоновите синови - говори Господ. 7 За Едом. Вака зборува Господ над Војските: „Зар нема веќе мудрост во Теман, зар на разумните им го снема расудокот, зар изветреа нивната мудрост? 8 Бегајте, губете се и скријте се длабоко, жители на Дедан, зашто му носам пропаст на Исав, време на неговата казна. 9 Дојдат ли берачите кај тебе, ни доберок нема да остават; дојдат ли ноќните крадци, ќе ограбат сè што сакаат. 10 Зашто Јас Сум Оној што ќе го побарам Исава, и ќе му го откријам засолништето, за да не може да се скрие. Неговото племе е запустено: го нема веќе! Никој не вели: 11 ‘Остави ги своите сираци, јас ќе ги прехранам, и твоите вдовици нека се надеваат во мене!’” 12 Зашто вака зборува Господ: „Ете, оние кои што навистина не требаа да ја пијат чашата, треба да ја испијат до капка, и зар токму ти да останеш неказнет? Не, ти не ќе останеш неказнет, ќе треба да ја испиеш чашата! 13 Зашто Се заколнав Самиот во Себе - говори Господ: Восора ќе стане руг и срам, пустина и проклетство; а сите нејзини градови ќе бидат вечни урнатини.” 14 Господ ми упати вест, гласникот им беше испратен на народите: „Соберете се! Тргнете против неа, тргнете! Станете! Во бој! 15 Зашто, ете, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето. 16 Твојот страв те заведе, гордоста на твоето срце, ти, кој што живееш во камени пештери, и се придржуваш за високите планини, па виткаш гнездо врз каменливиот ридски венец, како орлите, оттаму ќе те симнам - говори Господ. 17 Едом ќе стане пустина, секој што ќе помине низ него, ќе се вчудоневиди и ќе свири со устата заради сите негови рани. 18 Ќе го разурнат како Содом и Гомор и нивните соседи - зборува Господ. Човек не ќе станува таму, човечки син не ќе престојува во него. 19 Ете, како лав тој излегува од јорданските грмушки на вечно зелени пасишта. Но ќе го истерам во миг, и ќе го сместам таму Својот избраник. Зашто кој Ми е рамен Мене? И кој ќе Ме повика на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?” 20 Затоа чујте што науми Господ да му направи на Едом, чујте што намислил против жителите на Теман: и најситните јагниња тој ќе ги одвлече, и самото нивно пасиште ќе се загрози над нив. 21 Од шумот на нивното паѓање земјата ќе се потресе, викотницата ќе се слуша до Црвеното Море! 22 Ете, како орел тој се дига и трепери, шири крилја над Восора. Во оној ден срцето на едомските јунаци ќе биде како срцето на жената во родилни болки. 23 За Дамаск: „Збунети се Емат и Арфад, зашто чуја лоша вест. Срцето им се стега од ужас и не може да се смири. 24 Дамаск е обесхрабрен, се даде во бегство, страв го опфати, го обзедоа тешкотии и болки како родилката. 25 Како? Славниот град е напуштен, градот на Мојата радост! 26 Затоа неговите младинци ќе испаѓаат по улиците, сите воини ќе загинат во оној ден - говори Господ над Воинствата. 27 Ќе ги запалам со оган ѕидовите на Дамаск: пламенот ќе ги голтне дворците Вен-Ададови.” 28 За Кадар и за асорските царства, што ги порази Навуходоносор, вавилонскиот цар. Господ зборува вака: „Станете, нафрлете се врз Кадар, уништете ги синовите на Исток! 29 Нека им бидат одземени шаторите и стадата, шаторските крила и сета опрема! Нека им бидат одведени камилите и нека викаат на нив: ‘Страв отсекаде!’ 30 Бегајте со главата без обѕир, скријте се длабоко, жители на Асор - говори Господ. Зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, крои наум против вас, смислува напад: 31 Станете, удрете на мирниот народ што живее без страв - говори Господ - што нема ни врати ни лостови, што живее осамено! 32 Нивните камили ќе бидат плен, мноштво овци на ограбувачите! И ќе ги распрснам на сите страни, оние луѓе со избричени краеви на косата, и ќе доведам гибел врз нив отсекаде - говори Господ. 33 Асор ќе стане дувло на шакали и вечна пустина. Човек таму не ќе престојува, таму нема да се насели човечки син.” 34 Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија за Елам, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар. 35 Господ над Восјките зборува вака: „Еве, ги кршам Еламовиот лак, с’ржта на неговата сила. 36 Ќе дотерам четири ветра против Елам од четирите краишта на небото, и ќе ги распрснам Еламците во сите четири ветра, и не ќе има народ каде не ќе стигнат еламските бегалци. 37 Ќе им втерам страв во коските на Еламците пред нивните непријатели. Ќе пуштам несреќа на нив, огнот на Својот гнев - говори Господ. Ќе испратам меч по нив додека не бидат сосем уништени. 38 И ќе го поставам Својот престол во Елам, и ќе ги сотрам таму царот и сите кнезови - говори Господ. 39 Ама ќе ја изменам кобта на Елам”- говори Господ.
1 Слово што Господ го рече против Вавилон, против Халдејската Земја; преку пророкот Еремија: 2 „Објавете им на народите! Разгласете, не кријте, речете: ‘Вавилон е заземен! Вал е засрамен: Меродах е скршен! Засрамени се неговите кипови, здробени се неговите ликови.’ 3 Зашто од север се дига против него народ што ќе му ја претвори земјата во пустина; никој веќе не ќе живее во неа, и луѓето и стоката ќе избегаат и ќе си отидат. 4 Во тие денови и во тоа време - говори Господ - ќе се вратат Израелевите синови, и Јудините синови заедно ќе одат плачејќи и барајќи Го Бога, својот Бог. 5 Ќе прашаат за патот кон Сион, натаму ќе го насочуваат погледот: ‘Дојдете, да се соединиме со Господа со вечен Завет незаборавлив!’ 6 Мојот народ беше како изгубени овци, пастирите ги заведоа, та заскитаа по ридовите: одеа од горите на ритчињата, заборавија каде им се кошарите. 7 Кој ги наоѓа, ги голтнува, нивните непријатели зборуваа: ‘Ние не сме виновни, зашто Му згрешија на Господа, на пасиштето на правдата, на Господа, на надежта на своите татковци!’ 8 Бегајте од Вавилон! Излезете од Халдејската Земја! Бидете како овни пред стадото. 9 Зашто, еве, ќе дигнам и ќе доведам против Вавилон мноштво големи народи; од Северната Земја ќе се наредат против него - оттаму ќе биде освоен. Стрелите им се како кај искусен јунак, празни не се враќаат. 10 Халдеја ќе биде ограбена, ќе ја пљачкаат неа до наситка - говори Господ. 11 Да! Радувајте се само и воскликнувајте, вие ограбувачи на Моето наследство! Потскокнувајте како јунче на пасење! ‘Ржете како ждребиња! 12 Вашата мајка се засрами многу, се усрами вашата родителка. Еве, последна е меѓу народите: пустина, сува и непроодна. 13 Заради Господовиот гнев ќе биде без население, сета ќе запустее. Секој што ќе помине покрај Вавилон, ќе се згрози и ќе свири со уста над неговите рани. 14 Наредете се против Вавилон, опколете го. Стрелци, стрелајте во него, не ги жалите стрелите - зашто Му згрешивте на Господа. 15 Од сите страни нека екнат бојни извикувања. Тој се предава! Столбовите му паѓаат, ѕидовите му се разурнуваат: Тоа е Господовата одмазда! Одмаздете му се на Вавилон, постапувајте со него, како што постапувал тој! 16 Истребете му ги на Вавилон и сејачот и жетварот што замавнува со српот во жетварските денови! Пред насилничкиот меч секој нека се врати при својот народ, нека бега во својата земја. 17 Израел беше разбркано стадо, лавовите го распрснаа, Асирискиот цар го голтна прав, а потоа, Навуходоносор, вавилонскиот цар, му ги скрши коските.” 18 Затоа Господ над Воинствата, Израелевиот Бог, зборува вака: „Еве, ќе ги казнам вавилонскиот цар и неговата земја, како што го казнив асирискиот цар. 19 И ќе го вратам Израел на неговото пасиште да пасе по Кармил, по Васан, по Ефремовите Ридови и по Галад, за да се насити. 20 Во оние денови, во она време - говори Господ - ќе го бараат Израелевиот грев, ама веќе не ќе го има; ќе ги бараат јудејските злодела, но не ќе ги најдат. Зашто им простив на сите што ги запазив.” 21 „Против Мератаимската Земја! Тргни против неа и против жителите на Фекод, сотри ги до основи, уништи сè зад нив - говори Господ, изврши сè како што ти заповедав! 22 Воена викотница се слуша во земјата, страшен пораз. 23 О, како е скршен, здробен, млатот на целата земја! Како Вавилон им стана страшило на народите! 24 Ти ставив стапица, Вавилону, ти се фати и не виде. Затекнат си и фатен, зашто завојува против Господа! 25 Господ ја отвори својата оружница, го извлече оружјето на Својот гнев, зашто има работа за Господа над Војските во Халдејската Земја. 26 Удрете врз неа од сите страни, отворете ги нејзините житници, слагајте ја како снопје, затрете го Вавилон со уништување, за да не остане ништо од него. 27 Заколете ги сите негови јунци, нека слезат во кланицата! Тешко ним, дојде нивниот ден, времето на нивната казна! 28 Чуј го гласот на оние што избегаа, што пребегаа од Вавилонската Земја за да јават на Сион за одмаздата на Господа, нашиот Бог, одмаздата за Неговиот Храм! 29 Повикајте ги против Вавилон стрелците, сите што оптегнуваат лакови, опкружете го од сите страни: никој да не избега! Платете му според заслугата, направете му како што правеше, зашто се гордееше против Господа, Израелевиот Светец. 30 Затоа сите младци ќе му испаѓаат по улиците и ќе му изгинат сите војници во оној ден - говори Господ. 31 Еве Ме против тебе, Горделивецу! - говори Господ над Воинствата - дојде твојот ден, времето на походот против тебе. 32 Горделивиот ќе се стресе, ќе падне, и никој не ќе го дигне. Ќе им потпалам оган на неговите градови и ќе голтнат сè наоколу.” 33 Господ над Војските зборува вака: „Угнетувани се Израелевите синови, заедно со Јудините синови. Оние што ги заробија, ги држат цврсто и нема да ги пуштат. 34 Но моќен е нивниот Искупител, Име Му е Господ над Воинствата. Тој ќе ја одбрани нивната парница - ќе и донесе мир на земјата и ќе ги смути жителите на Вавилон. 35 Меч против Халдејците - говори Господ против жителите на Вавилон, против кнезовите и неговите мудреци! 36 Меч против неговите брбливци, нека полудат! Меч против неговите воини, нека се исплашат! 37 Меч против неговите коњи и бојни коли и против сиот куп луѓе среде него: нека станат како жени! Меч против нивните ризници: нека ги ограбат! 38 Меч против нивните води, нека пресушат! Зашто тоа е земја на идоли, ги залудија киповите, нивните страшила. 39 Затоа таму ќе се настанат рисовите со хиените, и ноеви ќе живеат таму. Местото ќе остане без население довека, никој не ќе живее таму од колено до колено. 40 Ќе го разурнат како што Бог ги разори Содом и Гомор и нивните соседи - говори Господ. Човек не ќе живее таму, човечкиот син не ќе престојува во него. 41 Еве доаѓа народ од Север, голем народ, и многу цареви, и се подигаат од краиштата на земјата. 42 Во рацете им се лак и копје, жестоки се, немилостиви. Вревата им шуми како море, јаваат на коњи, како еден готови за бој против тебе, вавилонска ќерко. 43 Вавилонскиот цар чу вест за нив: и рацете му ослабнаа, го опфати мака, го фатија болки како родилка. 44 Ете, како лав тој излегува од јорданските шумки на вечно зелени пасишта. Ама Јас ќе го истерам за миг и ќе го сместам таму својот избраник. Зашто, кој Ми е Мене рамен? И кој ќе Ме повика Мене на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?” 45 Затоа, чујте што науми Господ да му направи на Вавилон, чујте што смислил против Халдејската Земја: Тој ќе ги одвлече и најситните јагниња; и самото нивно пасиште ќе се згрози над нив. 46 На гласот дека Вавилон падна земјата ќе се стресе: ќе се слуша пискот меѓу народите.
1 Господ зборува вака: „Ете, Јас подигам против Вавилон и против халдејските жители погубувачки ветер. 2 Ќе испратам во Вавилон вејачи за да го веат и да ја просеат неговата земја низ решето. Кога ќе го опколат од сите страни во кобниот ден, 3 стрелецот нека не го остава настрана лакот, нека не го соблекува оклопот! Не штедете ги нивните младинци, уништете му ја сета војска! 4 Убиените ќе паѓаат по Халдејската Земја, прободени по неговите улици. 5 Не, Израел - Јудеја - не е вдовица на својот Бог, Господ над Воинствата, иако е нивната земја полна со гревови, против Израелевиот Светец.” 6 Бегајте од Вавилон, секој нека го спаси својот живот, за да не изгине заради неговото беззаконие, зашто ова е време на Господовата одмазда, секому му плаќа според заслугата! 7 Вавилон беше златна чаша во Господовата рака, чаша што го испијани целиот свет. Со тоа вино народите се испијанија, и затоа народите се избезумија. 8 Одненадеж падна Вавилон, разрушен: затажете над него! Побарајте балсам за неговата рана: можеби ќе оздрави! 9 Го лечевме Вавилон, ама не се исцели. Да го пуштиме, да се вратиме секој во својот крај! Зашто неговата пресуда допира до небото и се дига под облаците. 10 Господ ја изнесе нашата правда! Ајде да му го објавиме на Сион делото на Господа, нашиот Бог. 11 Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм. 12 Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон. 13 О ти што престојуваш крај големите води и што си богат со секакви блага! Сега ти дојде свршеникот, крајот на твојата лакомост. 14 Со Својот живот се заколна Господ над Воинствата: „Ќе те наполнам со луѓе како со скакулци, ќе се надигне против тебе бојна викотница.” 15 Тој со Својата сила ја создаде земјата, со Својата мудрост ја утврди вселената и со Својот разум ги оптегна небесата. 16 Кога ќе екне Неговиот глас, шумат водите на небесата, ги крева облаците од крајот на земјата: му создава молњи на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа. 17 Секој човек безумствува во своето знаење, секој златар се засрамува од својот кип, зашто киповите му се само измама, нема дух во нив. 18 Тие се суетни, смешни творби, ќе пропаднат во денот на казната. 19 „Јакововиот Дел” не е како тие: зашто Тој создаде сè, Израел е племе на неговото наследство. Господ над Воинствата е Неговото Име. 20 „Ти ми беше млат, воено оружје. Со тебе ги поразив народите, со тебе ги разорував царствата. 21 Со тебе ги удрив коњот и коњаникот, со тебе ги удрив бојната кола и возачот. 22 Со тебе ги удрив мажот и жената, со тебе ги удрив старецот и детето. Со тебе ги удрив младецот и девицата, со тебе ги удрив пастирот и стадото. 23 Со тебе ги поразив земјоделецот и неговата запрега, со тебе ги удрив намесниците и управителите. 24 Ама сега му плаќам на Вавилон пред вашите очи и на сите Халдејци за сето зло што му го направија на Сион - говори Господ. 25 Еве Ме врз тебе, Горо разурнувачка - говори Господ - разурнувачко на целиот свет! Ќе замавнам со раката против тебе, ќе те симнам од стрмната карпа, ќе те претворам во изгорена гора. 26 Од тебе веќе нема да делкаат аголен камен ни камен основник, ќе бидеш вечна пустина” - говори Господ. 27 Подигнете го знамето во земјата, затрубете во рог меѓу народите! Подгответе ги народите против него, повикајте ги царствата против него - Арарат, Миниј, Асханаз! Поставете водач против него, коњите нека се нафрлат како влакнести скакулци! 28 Подгответе ги народите против него, мидиските цареви, војводите и нивните заменици и сета земја со која што владеат. 29 Земјата ќе се тресе, ќе трепери, кога ќе почнат да се искачуваат кон Вавилон сите Господови намисли, за да ја претвори Вавилонската Земја во ненаселена пустина. 30 Вавилонските јунаци се откажаа од борбата, заседнаа во тврдините, ја снема нивната сила: станаа како жени. Изгорени се неговите домови, скршени се лостовите на вратите. 31 Брзоодецот престигнува брзоодец, гласник трча по гласникот, за да му јават на вавилонскиот цар дека градот му е заземен од сите страни, 32 бродовите се заземени, тврдините се изгорени со оган, а јунаците исплашени. 33 Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Вавилонската ќерка е како гумно во времето кога се гази по него; уште малку, и ќе и дојде времето на жетвата. 34 Ме изеде, ме сотре Навуходоносор, вавилонскиот цар, ме отфрли како празен сад, тој ме проголта како змев, го наполни желудникот, ме истера од мојот Еден.” 35 „Насилството и моите страдања врз Вавилон!” зборуваат жителите на Сион. „Мојата крв врз Халдејците!” зборува Ерусалим. 36 Затоа Господ зборува вака: „Еве, Јас ќе ја бранам твојата парница и ќе те одмаздам. Ќе го пресушам неговото море, и ќе ги пресушам неговите извори. 37 Вавилон ќе биде куп урнатини, дувло на шакали, ужас и потсмев, ненаселен крај. 38 Сите заедно рикаат како лавови, вијат како лавчиња. 39 Кога ќе се стоплат, ќе им приредат пијанка, ќе ги напојат за да се повеселат, и да заспијат со вечен сон, па веќе да не се разбудат - говори Господ. 40 Ќе ги одведам како јагниња на колење, како јарци и овни. 41 Како ли е заземен Сесах, како е освоена таа гордост на сета земја? Како ли стана Вавилон страшило на народите? 42 Морето се надига против Вавилон, неговите бранови го прекрија. 43 Неговите градови станаа пустина, земјата сува, пустина: човек не живее во неа, ниту низ неа поминува човечки син. 44 Ќе го казнам вавилонскиот Вал, ќе му го одземам од устата тоа што го голтнал. Народите веќе не ќе се собираат кај него, ќе се разурнат вавилонските ѕидови. 45 Излези од него, народе Мој! Нека секој го спаси својот живот од жестокиот Господов гнев! 46 Нека срцето не ви ослабее! Не бојте се од гласовите што се шират низ земјата, една година вакви, друга - онакви, и дека во земјата владее насилство, та силник станува силник. 47 Зашто еве доаѓаат денови кога ќе ги казнам вавилонските кипови, и сета земја ќе му се засрами, и сите негови погубени ќе лежат среде градот. 48 Тогаш над Вавилон ќе воскликнуваат небото и земјата, и сè што е на нив, зашто од север ќе се нафрлат врз градот, опустувачи!” - говори Господ. 49 И Вавилон треба да падне за погубените Израелци, како што за Вавилон паѓаа истепани сите земји. 50 Вие што му избегавте на мечот, одете си, не останувајте тука. Спомнувајте си за Господа во далечната земја, и Ерусалим нека ви биде на срце. 51 Се срамевме слушајќи го срамот, руменило ни го прекри лицето, кога туѓинците навлегоа во Светилиштето на Господовиот Дом. 52 „Затоа, ете, доаѓаат денови - говори Господ -кога ќе ги казнам нивните кипови, и по целата негова земја ќе офкаат ранетите. 53 Ако Вавилон се искачи до небото, ако се утврди на недостапно место, на Моја заповед ќе се нафрлат врз него запустувачите” - говори Господ. 54 Чујте го викањето за помош од Вавилон и страшниот пораз од Халдејската Земја! 55 Зашто Самиот Господ го запустува Вавилон, Тој го стивнува неговиот страшен шум: неговите бранови шумеа како големи води, се слуша нивното бучење. 56 Да, запустувачот дојде во Вавилон, фатени се неговите воини, скршени им се лаковите. Навистина, Господ е Бог одмаздник Кој плаќа според заслугата. 57 „Ќе му ги испијанам кнезовите и мудреците, војводите, намесниците и воините: за да заспијат со вечен сон па веќе да не се разбудат” - зборува Царот, Името Му е Господ над Воинствата. 58 Вака говори Господ над Војските: „Широките вавилонски ѕидови ќе бидат разурнати до основите, а неговата висока врата ќе биде спалена со оган. Напразно ќе се трудат народите, народите ќе се измачуваат за оган!” 59 Еве ја заповедта што пророкот Еремија му ја даде на Серај, синот Масиин, синот Нириин, кога Серај тргна во Вавилон со Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година на неговото владеење. Серај беше голем постелник. 60 Еремија ја имаше запишано во еден книжен свиток сета несреќа што требаше да дојде врз Вавилон - сите оние пророштва напишани против Вавилон. 61 Еремија му рече на Серај: „Кога ќе дојдеш во Вавилон, барај прилика да ги објавиш сите овие зборови. 62 И речи: ‘Господи, Ти Самиот рече дека ќе го сотреш ова место, па во него веќе ништо не ќе биде, ни човек ни животинче, туку ќе стане вечна пустина.’ 63 Кога ќе го прочиташ овој книжен свиток, врзи го за камен и фрли го во Еуфрат. 64 И речи: ‘Вака ќе потоне Вавилон и не ќе се подигне веќе од бедата што ќе ја навалам врз него. И тие ќе изнемоштат. ‘“ Тоа се Еремиините зборови.
1 Седекија беше на дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. Името на мајка му и беше Амутала, ќерка на Еремија, а беше од Ливна. 2 Правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеше Јоаким. 3 Тоа му се случи на Ерусалим заради Господовиот гнев; најпосле Господ и ги отфрли од пред Своето лице. 4 Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, тргна самиот вавилонски цар Навуходоносор со сета своја војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи. 5 Градот остана опколен сè до единаесеттата година на Седекиевото царување. 6 Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таква глад така што простиот народ немаше ни леб, 7 непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу два ѕида над Царската Градина - Халдејците го беа опколиле градот - и тргнаа по патот кон Араба. 8 Халдејските чети тргнаа по нив во потера и го стигнаа Седекија во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега. 9 И Халдејците го фатија царот и го одведоа во Ривла, во Ематската Земја, пред вавилонскиот цар, кој му ја изрече пресудата. 10 Ги искла Седекиевите синови пред неговите очи, ги погуби во Ривла сите Јудини кнезови; 11 на Седекија му ги ископа очите и го окова во бронзени окови и го одведе во Вавилон, каде што го држеше во темница сè до неговата смрт. 12 Во десеттиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим дојде Невузардан, началник на телохранителите. 13 Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим, особено куќите на угледните луѓе; 14 халдејските чети, под заповедникот на телесната стража, ги разурнаа ѕидовите околу Ерусалим. 15 Невузардан, началникот на телохранителите, го одведе во ропство Остатокот на народот што беше останал во градот, а така и пребегалците кај вавилонскиот цар и другото мноштво. 16 Некои од најбедните луѓе Невузардан ги остави во земјата како лозари и земјоделци. 17 Халдејците ги скшија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море во Господовиот Дом, а бронзата ја однесоа во Вавилон. 18 Ги зедоа и грнците, лопатите, ножевите, и воопшто сиот бронзен прибор што се употребуваше за богослужбите. 19 Заповедникот ги зеде и мијалникот, кадилниците, прскалниците, грнците, светилниците, чиниите, жртвените чаши, воопшто сè што беше од злато и сребро, 20 два столба, едно море и дванаесет бронзени волови под морето, подножјата што царот Соломон ги даде да бидат изработени за Господовиот Дом. Не е можно да се процени колку бронза имаше во сите тие предмети. 21 Првиот столб беше висок осумнаесет лакти - можеше да го опфати јаже од дванаесет лакти - беше дебел четири прсти, а внатре празен. 22 Имаше глава од бронза, висока пет лакти; и ја обвиваа мрежа и калинки, а сè од бронза. Таков беше и вториот столб. 23 А девеесет и шест калинки висеа слободно. Сè на сè во таа плетеница имаше околу сто калинки. 24 Заповедникот на стражата го одведе првосвештеникот Серај, вториот свештеник Софониј, и тројцата чувари на прагот. 25 Од градот ги одведе: еден дворјанец, воен началник; седум луѓе од царската придружба, кои се најдоа во градот; писарот на заповедникот на војската, кој собираше воини од народот и шеесет жители, кои се најдоа исто така во градот. 26 Заповедникот на телесната стража Невузардан ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла. 27 И вавилонскиот цар нареди да ги погубат во Ривла, во Ематска Земја. Така го иселија јудејскиот народ од неговата земја. 28 Еве го бројот на луѓето кои Навуходоносор ги одведе во пленство: во седмата година три илјади и дваесет и три Јудејци; 29 во осумнаесеттата година Навуходоносорова: осумстотини триесет и две души од Ерусалим; 30 во дваесет и третата Навуходоносорова година, Невузардан, началникот на телохранителите, одведе седум стотини четириесет и пет Јудејци. Вкупно: четири илјади и шест стотини души. 31 А во триесет и седмата година откако беше заробен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и петтиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил Меродах, во првата година на своето владеење, го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темница. 32 Разговараше љубезно со него и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со него во Вавилон. 33 Јоахин ги остави своите темнички облеки и јадеше со царот на истиот стол за време на сиот свој век. 34 До крајот на неговиот живот, сè до смртта, вавилонскиот цар му даваше трајно, од ден во ден, издржување.
1 Како седи осамена престолнината, некогаш полна со народ; стана како вдовица, некогаш голема меѓу народите. Владетелката над покраините, сега поданичка. 2 Ноќите ги поминува плачејќи горко, со солзите ги покрива образите. Нема никого да ја утеши, од сите кои ја љубеа. Сите пријатели ја изневерија и и станаа непријатели. 3 Протеран е Јуда, во неволја е и на тешко заточение. Сега живее меѓу многубожците, не наоѓа починка. Сите гонители ја достигаат во теснините. 4 Сионските патишта тагуваат, зашто никој не доаѓа на прослави. Сите врати се разурнати, свештениците воздивнуваат, расплакани се неговите девици, а тој е полн со горчило. 5 Сега господарат неговите угнетувачи, непријателите ликуваат: Господ го ражалости заради неговите премногу гревови. Децата му отидоа на заточение пред угнетувачот. 6 Се повлече од Сионската Ќерка сета нејзина слава. Кнезовите и станаа како елени, кои не наоѓаат пасиште, немоќно одат тие пред гонителите. 7 Ерусалим си спомнува за деновите на бедата и скитањето, кога народот му падна во рацете на непријателот, а никој не му даде помош. Угнетувачите го гледаа смеејќи се на неговата пропаст. 8 Ерусалим згреши тешко, стана како женината нечистота. Сите што го почитуваа, сега го презираат: зашто ја видоа неговата голота. Тој само плаче и се свртува назад. 9 Скутовите му се извалкани, ни не сонуваше што го чека. Длабоко падна, а никој да го теши. „Погледај ја Господи, мојата неволја: зашто непријателот ликува.” 10 Непријателот посега со раката кон сите негови скапоцености. Гледаше како многубожците навлегуваат во неговото светилиште, оние на кои им го забрани и пристапот во Својот собир. 11 Сиот Негов народ воздивнува барајќи леб; сите даваат бесценети камења за храна, за да живнат повторно. Ете, Господи, погледај, зашто сум презрен! 12 Сите вие, кои поминувате по патот, погледајте и видете има ли болка каква што е болката со која сум погоден јас, со која Господ ме удри во денот на Својот жесток гнев! 13 Пушти оган од висината, го втера во моите коски. Пред ногата ми оптегна мрежа и така ме обори назад; ме растажи, ме ожалости за сите времиња. 14 Ме натовари со моите гревови, ги пристегна со Својата рака; ми ги навали врз вратот, ми ја одзеде силата. Господ ме предаде во нивните раце, не можам да се исправам. 15 Господ ги отфрли сите јунаци од мојата средина: го свика собранието против мене, за да ги уништи моите млади луѓе. Господ ме изгази во каца, девицата, Јудината ќерка. 16 Затоа треба да плачам, очите ми леат солзи, зашто е далеку од мене мојот утешител, за да ми го поврати духот. Моите синови се поразени, премногу силен беше непријателот. 17 Сион ја испружува раката, му нема утешител. Господ против Јакова повикува угнетувачи од сите страни; и така Ерусалим стана страшило меѓу нив. 18 Господ, Тој е праведен: зашто му се спротивставив на Неговиот збор. Ох, чујте сите народи, гледајте ја мојата болка: мои девици, мои млади луѓе, сите отидоа во прогонство! 19 Ги повикав сите свои пријатели, но тие ме измамија. Моите свештеници и старешините загинаа во градот барајќи храна, за да живнат повторно. 20 Погледај, Господи, во каква тешкотија сум, мојата утроба трепери, срцето ми се згрчува во градите, зашто јас упорно ти се противев! Надвор мечот ги покоси моите синови, а внатре смрт. 21 Чуј како стенкам: ми нема утешител! Сите непријатели чуја за мојата несреќа и ликуваат зашто го направи тоа! Дај да дојде денот што си го објавил, за да им биде ним како мене. 22 Сето нивно зло нека се покаже пред Твоето лице, а тогаш постапувај со нив како што си постапил со мене за сите мои гревови! Зашто само воздивнувам, а моето срце тагува.
1 Како со мрак ја покри Господ во Својот гнев Сионската Ќерка. Од небо на земја ја фрли Израелевата слава ! И не си спомна за Своето подножје во денот на Својот гнев! 2 Господ ги сотре без милост сите Јаковови живеалишта, во Својот гнев ги разурна тврдините на Јудината ќерка; со земјата ги срамни и ги проколна царството и неговите кнезови. 3 Во Својот распламтен гнев ја скрши сета Израелева сила, ја повлече Својата десница пред непријателот; во Јакова раздува огнен пламен што изгорува сè наоколу. 4 Го оптегна лакот како непријател, ја испружи десницата како враг, убивајќи сè што беше мило за очите. Врз шаторот на Сионската ќерка го истури како оган Својот разјарен гнев. 5 Господ беше како непријател: го истреби Израел, ги разурна неговите дворци, ги сруши неговите тврдини, и ги намножи на Јудината ќерка воздивнувањата и ридањето. 6 Му ја разурна сеницата како на градина, му го разруши местото на состанокот. Господ ги фрли во заборав прославите и саботите на Сион; во Својот гнев ги презре царот и свештеникот. 7 Господ го отфрли Својот жртвеник, Му се згади Неговото Светилиште. Во рацете на непријателот ги предаде своите ѕидови и дворци. Бучеа во Господовиот Дом како на празничен ден. 8 Господ науми да ги разурне ѕидовите на Сионската Ќерка. Го оптегна јажето за мерење, не ја задржа раката од рушење. Предните ѕидови и ѕидовите, ги завитка во тага: 9 Нивната врата пропадна во земјата, тој им ги скрши бравите; царот и кнезовите се меѓу народите, нема Закон! Ни кај пророците веќе не се наоѓаат Господовите виденија. 10 Старешините на Сионската Ќерка седат на земја и молчат, ја посипуваат главата со прав, препашуваат вреќишта. Кон земјата ги наведнуваат главите Ерусалимските Ќерки. 11 Ми истекоа очите од солзи, мојата утроба се растрепери, црниот дроб ми се истури на земја заради сломот на ќерката на мојот народ, зашто децата и доенчињата умираат по раскрсниците на градот. 12 Им зборуваат на своите мајки: „Каде се лебот и виното?” Додека умираат како ранети по раскрсниците на градот, додека ја испуштаат својата душа на градите на своите мајки. 13 Со што да те споредам? На кого личиш, Ерусалимска Ќерко? Со кого да те споредам, како да те утешам, девице, Сионска Ќерко? Зашто твојата несреќа е неизмерлива како морето. Кој ќе те исцели? 14 Виденијата на твоите пророци беа измама и лага, тие не го открија твоето беззаконие за да те одвратат од заточението, те измамуваат со привиди, лажни и измамливи. 15 Над тебе плескаат со рацете сите, кои поминуваат по патот, свират со устата и вртат со главата заради ерусалимската ќерка: „Дали е тоа градот прочуен по убавина, радост за сиот свет?” 16 Против тебе ја отворуваат устата сите твои непријатели, свиркаат, чкртаат со забите и велат: „Ја изедовме! Тоа е ден по кој копнееме, го доживеавме, го видовме!” 17 Господ ја исполни Својата замисла, го одржа Својот збор, кој го нареди во дамнешни денови: те разурна немилостиво. Непријателот ликува заради тебе, твојот противник го подигна својот рог. 18 Викај кон Господа со сиот глас, ридај Сионска ќерко! Твоите солзи нека течат како поток дење и ноќе. Не си давај починка себеси, зеницата на твоето око нека не се одмори. 19 Стани, викај ноќе при секоја смена на стражата. Излеј го своето срце како вода пред Господовото лице, подигај ги рацете кон Него и барај милост за своите нејаки дечиња, кои умираат од глад по аглите на улиците. 20 Погледај, Господи, и види кому му го направи тоа. Зар жените да го јадат својот пород, децата што ги лулеат во прегратка? Зар требаа да бидат исклани во Господовото Светилиште свештениците и пророците? 21 Во уличниот прав лежат: деца и старци; моите девици и моите момчиња паднаа од меч. Ти ги погуби во денот на Својот гнев, ти ги искла немилостиво. 22 Ти како на свечен ден, ги повика од сите страни моите ужаси. Во денот на Господовиот гнев никој не преживеа, никој не се спаси. Тие кои што ги лулеав и што ги одгледав, мојот непријател ги истреби сите.
1 Јас сум човек, што ја запозна бедата под прачката на Неговиот гнев. 2 Мене ме одведе и ме натера да одам во темнина и без светлина. 3 И токму мене ме бие и ме удира непрекратно Неговата рака. 4 Го исцеди моето месо, мојата кожа, ги искрши моите коски. 5 Ми направи јарем, главата ми ја опточи со тешкотии. 6 Ме остави да живеам во темнини, како одамна умрените. 7 Ме соѕида, и јас не можам да излезам, ми ги стежна моите окови. 8 Кога викав и молев за помош, ја одбиваше мојата молитва. 9 Ми ги соѕида патиштата со делкан камен, ми ги затрупа моите патишта. 10 За мене Тој беше мечка која дебне, лав во заседа. 11 Ме водеше во непроодни патишта, ме раскинуваше, ме оставаше да умирам. 12 Го оптегнуваше Својот лак и ме гаѓаше како цел за своите стрелички. 13 Во слабините ми ги закачи стреличките, синовите на својот тул. 14 Станав смешен за својот народ, секојдневна нивна песна. 15 Ме хранеше со горчина, ме напојуваше со пелин. 16 Ме оставаше да ги кршам забите гризејќи камен, ме закопуваше во пепел. 17 И го одзеде мирот на мојата душа, и ги заборавив добрите работи. 18 Реков: дотраја мојата сила и надежта, која ми доаѓа од Господа. 19 Спомни си за мојата беда и страдањата, за пелинот и за отровот! 20 Непрекратно мисли на тоа и се суши душата во мене. 21 Тоа го носам во срцето и затоа се надевам. 22 Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. 23 Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема! 24 „Господ е мој дел,” ми вели душата, и затоа се надевам во Него.” 25 Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара. 26 Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение од Господа. 27 Блазе му на човекот кога тој носи јарем во својата младост. 28 Нека седи во осаменост и нека молчи, зашто Тој му го наметна тоа; 29 нека ги долепи усните до правот, можеби уште има надеж! 30 Нека му го сврти образот на оној, кој го бие, нека се засити со подигравка. 31 Зашто Господ не отфрла никого засекогаш: 32 зашто и ако растажи, Тој се смилува заради Својата голема љубов. 33 Бидејќи Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки. 34 Кога се газат со нозе сите земни затвореници, 35 кога му се изопачува правдата на човекот пред лицето на Сèвишниот, 36 кога му се нанесува неправда на човекот во парница, зар Господ не гледа? 37 Кој рекол нешто и се случило? Не го заповеда ли тоа Господ? 38 Не доаѓаат ли од устата на Сèвишниот и доброто и злото. 39 На што се жалат живите луѓе? секој на својот грев. 40 Да ги испитаме, да ги пребараме своите патишта и да Му се вратиме на Господа. 41 Да ги подигнеме своето срце и своите раце кон Бога, Кој е на небесата. 42 Да, ние се одметнавме, бевме непокорни, а Ти, Ти не проштаваше! 43 Опфатен од Својот гнев, нè гонеше, нè умртвуваше и не нè штедеше. 44 Се завитка со облак, за да не стигне молитвата до Тебе. 45 Направи од нас гној и мерзост меѓу народите. 46 Сите наши непријатели отворија уста против нас. 47 Ужасот и јамата ни беа судбина, пропаст и гибел! 48 Потоци солзи течат од моите очи заради пропаста на Ќерката на мојот народ. 49 Моите очи леат солзи непрекратно, зашто нема прекратување 50 додека Господ не погледа и не види од небесата. 51 Моето око ми задава болка заради ќерките на мојот град. 52 Упорно како птица ме гонат сите, кои ме мразат, а без причина. 53 Го фрлија мојот живот во јама и ја затрупаа со камења. 54 Водата ми стигна над главата, си реков себеси: „Загинав!” 55 И тогаш го повикав Твоето име Господи, од најдлабоката јама. 56 Ти го чу мојот глас: Не затнувај си ги ушите на моите повици! 57 На денот на моето молење за помош беше близу до мене, велеше: „Не бој се!” 58 Ти, Господи, избори правда за мојата душа, Ти го избави мојот живот. 59 Ти, Господи, виде како ме угнетуваат, пресуди ми правда. 60 Ти ја виде сета нивна одмазда, сите измами против мене. 61 Ги чу, Господи, сите нивни подигравки, сите лукавштини против мене. 62 Усните на моите противници и нивните мисли против мене се по цел ден. 63 Кога седат, кога стануваат, само погледај: јас сум им потсмешлива песна. 64 Врати им, Господи, мило за драго, според делата на нивните раце. 65 Направи да им окорават срцата, удри ги со Своето проклетство. 66 Гони ги гневно и истреби ги сите под Своите небеса, Господи!
1 Како потемне златото, тоа суво злато! Светото камење се истури по аглите на сите улици. 2 Сионските синови, некогаш ценети како најчисто злато, ах! сега ги ценат како глинени садови, како дело на грнчаревите раце! 3 Па и шакалите ги подаваат градите и ги дојат младите, но ќерките на мојот народ станаа сурови како ноеви во пустината. 4 Јазикот на доилчето се лепи за непцето од жед. Децата пиштат за леб, а никој да им го даде. 5 Оние, кои некогаш се сладеа со избрани јадења гниат по улиците; некогаш носени во црвено сукно сега се тркалаат по буништето. 6 Поголем беше гревот на Ќерката на мојот народ отколку гревот на Содом, што во миг на окото беше разурнат, а ничија рака не се дигна против него. 7 Нејзините младинци беа некогаш почисти од снегот, побели од млекото, порумени од корал им беа телата, лицето мазно како сафир. 8 Сега образот им е поцрн од саѓите, не се препознаваат веќе на улица. Кожата им се лепи за коските, сува како дрво. 9 Како се среќни оние што мечот ги прободе, посреќни од оние, кои ги умртви гладот; кои паѓаат исцрпени, зашто им недостигаат земјините плодови. 10 Рацете на жените со меко срце ги вареа своите деца, се хранеа со нив во времето на пропаста на Ќерките на мојот народ. 11 Господ го засити Својот бес, ја излеа својата јаросна расрденост, раздува на Сиои оган, што ги изгорува и самите негови основи. 12 Не веруваа земните цареви ни вкупното население на земјата дека угнетувачот и непријателот ќе влезат низ ерусалимската врата. 13 Заради гревот на своите пророци, заради беззаконието на свештениците, кои сред градот ја пролеваа крвта на праведниците! 14 Бладаа како слепи по улиците, извалкани со крв, та никој не смееше да се допре до нивната облека. 15 Отстапете нечисти! - им викаат. Отстапете! Не допирајте се!” И тие си заминаа смутени; а меѓу народот говореа: „Подобро е да ги нема! „ 16 Господовото лице ги распрсна, Тој веќе не ги гледаше. Не ги почитуваат веќе свештениците, не ги сожалуваат старците. 17 Очите веќе ни потемнеа, чекајќи помош но напразно! од нашите стражарници, гледајќи во далечина, го чекавме народот, кој не можеше да нè спаси. 18 Не дебнат при чекорите за да не одиме по своите раскрсници. Ни се ближи крајот, ни се исполнија деновите, доаѓа нашиот крај. 19 Нашите гонители беа побрзи од орлите на небото; нè гонеа во планината, нè пречекуваа во заседа во пустината. 20 Нашиот животен здив, Господовиот помазамик, падна во нивните јами - тој за кого што зборувавме: „Во неговата сенка ќе живееме меѓу народите.” 21 Радувај се и весели се, Едомска ќерко, Ти, која што живееш во земјата Уз! Чашата ќе дојде и до тебе, ќе се испијаниш и ќе се разголиш. 22 Твојот грев е искупен, Сионска ќерко, веќе не ќе те водат во прогонство. Ќе го казнат твоето беззаконие, Едомска ќерко, ќе ги откријат твоите гревови.
1 Спомни си Господи што нè најде, погледај, види го нашиот срам! 2 Нашето наследство падна во рацете на странците, нашите домови им припаднаа на туѓинците. 3 Сирачиња сме: немаме татко, мајките ни се како вдовици. 4 Водата што ја пиеме ја плаќаме со сребреници, треба да платиме и за дрво. 5 Јаремот ни е на вратот, нè гонат, исцрпени сме, не нè оставаат да здивнеме. 6 Ги пружаме рацете кон Египет и Асирија за да се наситиме со леб. 7 Нашите татковци згрешија, и веќе ги нема, а ние ги носиме казните за нивните беззаконија. 8 Робови ни заповедаат а никој - да нè избави од нивните раце. 9 Го донесуваме својот леб излагајќи го животот на меч во пустината. 10 Кожата ни гори како вжарена печка, со треска од пламенот на гладта. 11 Ги осквернија жените на Сион и девиците во јудејските градови. 12 Со свои раце ги бесеа кнезовите, не ги почитуваа ни старечките лица. 13 Момчињата ги натераа да мелат, децата паѓаа под бремето на дрвата. 14 Старците ја оставија вратата, младите веќе не свират на лири. 15 Ја снема радоста од нашите срца, нашето играње се претвори во тажење. 16 Венецот падна од нашата глава, тешко ни нам што згрешивме! 17 Еве, зошто ни болува срцето, еве, зошто ни се покриваат очите: 18 затоа што опусте Сионската Гора и по неа скитаат шакали. 19 А Ти, Господи, остануваш за секогаш, Твојот престол е од колено до колено. 20 Зошто да нè заборавиш за секогаш, да нè оставиш за долго време? 21 Врати нè кон себе, Господи, и ќе се обратиме. Обнови ги нашите денови како што беа некогаш. 22 Или сакаш да нè зафрлиш сосем и да се срдиш бескрајно на нас?
1 Во триесеттата година, во чет-вртиот месец, во петтиот ден, кога бев меѓу заробениците при реката Хевар, небесата се отворија, и јас видов Божјо видение. 2 Во петтиот ден на истиот месец - во петтата година откако го одведоа во ропство царот Јоаким - 3 Господовото слово му дојде на Езекиел, синот Вузиев, свештеник во Халдејската Земја, при реката Хевар. Господовата рака се спушти врз мене. 4 Погледав, кога ете од север удри силен виор, голем облак, пламнат оган обвиткан со сјај; среде него, среде огнот, нешто слично на сјајна ковина. 5 Среде тоа нешто како четири суштества по облик слични на човек; 6 секое од нив со четири лица, во секое четири крила. 7 Нозете им беа рамни, а стапалата како кај теле; светкаа како блескава бронза. 8 Под крилата имаа на сите четири страни човечки раце. И секое од четирите имаше свое лице и свои крила. 9 Крилата им се допираа едно со другото. Одејќи не се вртеа: секое се движе-ше напред. 10 И во сите четири суш-тества беше човечко лице, во сите четири оддесно лавско лице; во сите четири одлево воловско лице; и о-релско лице во сите четири. 11 Лицата им беа такви, а крилата им беа растегнати нагоре. Секое имаше две крила што се соединуваа и две крила со кои го покриваа телото. 12 И секој одеше само напред. А одеа онаму каде што духот ги гонеше. И одејќи не се завртуваа. 13 А среде тие суштества се гледаше нешто како некакви вжарени јаглења, како гламни што гореа, што се движеа меѓу нив; огнот светкаше, и молњи блескаа. 14 Суштествата трчаа и пак се враќаа како секавица. 15 Додека јас набљудував, ете: на земјата покрај секое од четирите суштества по едно тркало пред нивните лица. 16 Тркалата му беа слични на хрисолит, сите четири со ист облик; според обликот и правењето беа како едното тркало да е во другото. 17 При движењето можеа да одат во сите четири правци, а не требаа да се вратат. 18 А краевите им беа високи и страшни, а кога набљудував подобро, ете, на сите страни полни со очи. 19 Ка суштествата тргнуваа, тргнуваа со нив и тркалата, кога суштествата ќе се подигнеа од земјата, и тркалата се подигнуваа. 20 Каде што ги гонеше духот, таму се движеа, а заедно со нив се подигаа и тркалата, зашто духот на суштествата беше во тркалата. 21 Па кога суштествата ќе тргнеа, тргнуваа и колцата, а кога ќе застанеа тие, застануваа и тркалата, кога тие се подигаа од земјата, и тр-кала се подигаа со нив, зашто духот на суштествата беше во тркалата. 22 Над главите на суштествата беше нешто како небесен свод, сличен на сјајен кристал, распрострен над нивните глави. 23 А под сводот раскрилени крила, едно спрема другото: на секого по две крила му го покриваа телото. 24 Го чув летањето на нивните крила како шум на големи води, како глас на Сèсилниот, а гласот на зборувањето како глас на војска. Кога суштествата застануваа ги спуштаа крилата. 25 Од сводот над нивните глави се слушаше глас и кога застануваа, ги спуштаа своите крила. 26 Над сводот над нивните глави беше нешто како каменот сафир, како престол: на тоа како престол, горе на него слично на некој човек. 27 И видов како сјајна ковина, внатре и наоколу како оган; од неговата половина нагоре и од неговата половина надолу нешто како оган и како блесок на сите страни. 28 Тој блесок на сите страни беше како божилак што при дождовни денови се јавува во облакот. Тоа беше нешто како Господовата слава. Видов, паднав ничкум и чув глас што ми зборуваше.
1 И ми рече: „Човечки сине, на нозе исправи се, за да зборувам со тебе!” 2 И Дух влезе во мене, бидејќи ми проговори, та ме подигна на нозете, и јас го чув гласот на Оној Кој ми зборуваше. 3 И ми рече: „Човечки сине, те испраќам кај Израелевите синови, кај одметничкиот народ што се побуни против Мене. Тие и нивните татковци грешеа против Мене сè до денешниот ден. 4 Те испраќам кај синовите со тврд поглед и со закоравено срце. Речи им: ‘Господ над Војските зборува вака!’ 5 И послушале тие или непослушале - род се бунтовнички - нека знаат дека пророкот е меѓу нив. 6 А ти, човечки сине, не бој се од нив и не плаши се од нивните зборови, иако трње те опкружува, и седиш меѓу самите скорпии. Не плаши се од нивните зборови и не бој се ни малку од нивниот поглед, зашто тие се род одметнички. 7 Зборувај им ги моите зборови, послушале тие или непослушале, зашто се одметнички род. 8 А ти човечки сине, послушај што ќе ти речам сега: Не биди одметник како што се тие одметнички род! Отвори ја устата и проголтај го тоа што ќе ти го дадам сега!” 9 И погледнав, а ете кон мене испружена рака и во неа, ете, книжен свиток. 10 И свитокот се одвитка пред мене: беше испишан однадвор и одвнатре, а во него напишано: „Плач! Ридање! Лелек!”
1 И ми рече: „Човечки сине, проголтај го тоа што е пред тебе! Изеди го тој свиток, та оди и проповедувај му на Израелевиот дом!” 2 Ја отворив устата, а тој ми даде да го проголтам свитокот 3 и рече: „Човечки сине, нахрани го желудникот и насити ја утробата со свитокот што ти го давам!” И го изедов, и во устата ми беше сладок како мед. 4 Ми рече: „Човечки сине, оди кај Израелевиот дом и пренеси му ја мојата порака. 5 Не те праќам кај народ со непознат јазик и со неразбирлив говор, туку те праќам кај Израелевиот дом. 6 Не те праќам кај многу народи со непознат јазик и со неразбирлив говор, што ти не би можел да го разбереш. А кога би те и испратил кај нив, тие би те послушале. 7 А Израелевиот дом не ќе те послуша, зашто ни Мене не Ме слуша, зашто Израелевиот дом е со тврда глава и со закоравено срце. 8 Ете, затоа ќе го закоравам твоето лице како што е и нивното, и твојата глава ќе ја направам тврдоглава како што е и нивната. 9 И не бој се од нив и не плаши се, зашто тие се одметнички род!” 10 Ми рече: „Човечки сине, сите зборови што ќе ти ги речам земи ги на срце и послушај ги со своите уши. 11 И оди кај заробениците, кај синовите на својот народ, и речи им: ‘Вака зборува Господ Бог,’ послушале или не послушале!” 12 Тогаш Духот ме подигна, и јас чув зад себе силен глас. Господовата слава се подигна од своето место. 13 Го чув летањето на крилјата на оние суштества - удираа едно на друго и силното чкртање на колцата што се движеа со нив, и звук на силен гром. 14 Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И јас одев огорчен во мојот дух, а Господовата рака ме притисна цврсто. 15 Така стигнав во Тел Авив, кај робовите што живееја при реката Хевара - таму каде што се беа населиле - та останав меѓу нив седум дена како замајан. 16 По седум дена пак ми дојдоа Господовите зборови: 17 ”Човечки сине, те поставувам за чувар на Израелевиот дом. И ти ќе слушаш зборови од Мојата уста и ќе ги опоменуваш во Мое име. 18 Кога ќе му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш‘, а ти не го опоменеш и не го одвратиш од неговиот лош пат за да му го спасиш животот, тој ќе умре за своето беззаконие, ама јас ќе барам од тебе сметка за неговата крв. 19 А кога ќе го опоменеш безбожникот, а тој не се одврати од беззаконието и од својот лош пат, тој ќе умре во своите беззаконија, а ти ќе го спасиш својот живот. 20 Исто така, ако праведник се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, ќе му поставам стапица, и ќе умре зашто ти не го опомена заради неговиот грев; ќе умре, и неговите праведни дела веќе не ќе се спомнуваат, ама од тебе ќе ја барам сметката за неговата крв. 21 Ако ти го опоменеш праведникот да не греши, и тој навистина прекрати да греши, ќе живее, зашто ја прифати опомената, а ти ќе го спасиш својот живот.” 22 Таму пак ме зафати Господовата рака, и Тој ми рече: „Стани и слези во долината, за да зборувам таму со тебе!” 23 Тогаш станав и слегов во долината, и ете: Господовата слава стоеше таму, слична на Славата што ја видов при реката Хевара, та паднав ничкум. 24 Господовиот Дух влезе во мене, ме исправи на нозе и рече: „Оди и затвори се во својот дом! 25 Врз тебе, еве, човечки сине, ќе ставам јажиња и ќе те врзам, и веќе не ќе излегуваш. 26 И јазикот ќе ти го залепам за непцето, та ќе онемиш и веќе не ќе ги кориш, зашто се одметнички род. 27 А кога Јас ќе ти проговорам, ќе ти ја отворам устата, и ти ќе им речеш: ‘Вака зборува Господ Бог!’ И кој сака да слуша, нека слуша, а кој не сака, нека не слуша, зашто се одметнички род.”
1 А ти, човечки сине, земи плитар, постави го пред себе и нацртај го врз него градот Ерусалим. 2 Постави опсада околу него, изгради тврдина спрема него, крени насип, ископај околу него окоп, постави ја војската и размести ги ѕидокршачите наоколу. 3 Потоа земи железна плоча и постави ја како железен ѕид меѓу себе и градот, та сврти го лицето кон него и ќе биде опсаден. Притисни го! Тоа е знак за домот Израелев! 4 Потоа легни на својата лева страна и стави го врз себе гревот на домот Израелев: колку денови ќе лежиш така, толку денови ќе го носиш нивниот грев. 5 Ти давам по ден за година на нивните гревови: триста и деведесет денови ќе го носиш гревот на домот Израелев. 6 А кога ќе го завршиш тоа, ќе лежиш четириесет денови на десната страна, за да го носиш гревот на Јудиниот дом; ти давам по ден за секоја година. 7 Тогаш сврти го лицето кон опсадуваниот Ерусалим, протегни ја голата десница и пророкувај против него. 8 А Јас ќе те врзам со јажиња, за да не можеш да се вртиш од едната страна на другата додека не ги исполниш деновите на својата опсада. 9 Земи пченица, јачмен, грав, леќа, просо и ‘рж, стави го тоа во еден сад и направи си леб од тоа. Ќе го јадеш онолку денови колку што ќе лежиш на својата страна: триста и деведесет денови. 10 Јадењето што ќе го јадеш ќе биде измерено: дваесет сикли на ден; а ќе го јадеш во одредено време. 11 И вода ќе пиеш со мерка шестинка од ин. Ќе ја пиеш во одредено време. 12 А ќе јадеш погача од јачмен што ќе ја испечеш пред нив врз човечка нечистота.” 13 И Господ рече: „Така Израелевите синови ќе го јадат својот нечист леб меѓу народите меѓу кои ќе ги протерам.” 14 Јас му одговорив: „О Господи, Боже, ете, мојата душа не е извалкана, зашто уште од детството не вкусив ништо пцовисано ни раскинато, ниту во мојата уста влезе некогаш нечисто месо.” 15 А Тој рече: „Ете, ти давам кравска лепешка место човечка нечистота, за да испечеш леб врз неа!” 16 Уште ми рече: „Човечки сине, ќе ја уништам во Ерусалим последната поткрепа во леб, и ќе јадат леб со мерка и со тешкотија и ќе пијат вода со мерка и со тресење од страв. 17 Нека им снема леб и вода, нека се исушат заради своето беззаконие и нека изгинат еден по друг.
1 А ти, човечки сине, земи наострен меч, земи го како брич за бричење, и избричи ги главата и брадата. Потоа земи мерилки и раздели. 2 Третинката изгори ја во средината на градот со оган кога ќе се исполнат деновите на твојата опсада; третинката земи ја и исечи ја со меч околу градот; третинката фрли ја во ветер - и ќе го истргам Својот меч против нив. 3 Земи малку и врзи го во скутот на облеката. 4 Од тоа пак земи нешто, фрли го во оган и изгори го: оттаму ќе се разгори оган за сиот Израелев дом! 5 Господ Бог зборува вака: ‘Ова е Ерусалим! Го поставив во средиштето на народите, го опкружив со земји! 6 Но тој им се спротивстави на Моите наредби повеќе отколку незнабошците, на Моите закони повеќе, отколку земјите што го опкружуваат.’ 7 Затоа вака зборува Господ Бог: ‘Побунтовни сте од народите кои ве опкружуваат, не одите по Моите закони и не ги исполнувате ни Моите наредби, ни наредбите на околните народи. 8 Затоа вака зборува Господ Бог: ‘Еве Ме и Мене против тебе! Ќе го извршам Својот суд над тебе пред очите на сите народи. 9 Заради твоите гадости ќе направам со тебе што никогаш не сум направил ниту ќе направам некогаш: 10 среде тебе татковците ќе ги јадат синовите, а синовите татковците, ќе го извршам Својот суд над тебе и сиот твој остаток ќе им го предадам на сите ветрови! 11 Затоа животот Ми Мој! - Говори Господ Бог - со секакви грозности и гадости ти навистина го обесвети Моето Светилиште. И јас сега ќе те намалам и Моето око не ќе се сожали и нема да се смилува: 12 третината од твоите жители ќе завршат среде тебе од помор и ќе умрат од глад; третината ќе падне од меч околу тебе; третината ќе им ја предадам на ветровите, и Мојот меч ќе го истргам против нив! 13 Така ќе го излеам Мојот гнев, и Мојата јарост ќе се смири кога ќе Се задоволам и кога ќе ја излеам Мојата јарост, над нив, ќе сознаат дека тоа Јас, Господ, го реков во Мојата ревност. 14 Ќе те отпуштам, ќе те подложам на потсмев на народите кои те опкружуваат, пред очите на сите минувачи. 15 Да, ќе бидеш за укор и срам, опомена и ужас за околните народи, кога ќе ги извршам против тебе сите Свои судови казнувајќи гневно, јаросно. Јас , Господ, реков! 16 И кога на вас ќе ги пуштам лутите стрели на гладот, што сотруваат што ќе ги пуштам на вас, за да ве уништам и за да ве сотрам со глад, ќе ви ја уништам и последната поткрепа во леб. 17 А освен гладот ќе пуштам на вас и лути ѕверови, што ќе ти ги раскинуваат децата; помор и крв ќе те преплават: ќе те свртам под Својот меч. Јас, Господ, реков!’”
1 Тогаш ми дојде Господово слово, велејќи: 2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон Израелевите Гори и пророкувај против нив. 3 Речи: ‘Израелеви гори, чујте го словото на Господ Бог!’ Господ Бог зборува вака: „Гори и брежиња, ровови и долини, еве, ќе го спуштам мечот врз вас и ќе ги оборам вашите високи места! 4 Ќе запустат вашите жртвеници и ќе бидат урнати вашите идолски столбови, а вашите загинати ќе ви ги фрлам пред киповите. 5 Ќе ги расфрлам труповите на Израелевите синови пред нивните кипови, и ќе ги расеам вашите коски околу вашите жртвеници! 6 Каде и да живеете, вашите градови ќе бидат запустени, високите места ограбени, жртвениците ќе ви запустеат и ќе бидат уништени, вашите кипови ќе бидат оборени и ќе ги снема, вашите столбови ќе бидат здробени, сите ваши дела ќе пропаднат. 7 Загинатите ќе паѓаат меѓу вас, и ќе знаете дека Јас Сум Господ. 8 Ама сепак ќе поштедам некои од вас: тие ќе му избегаат на мечот меѓу народите, кога ќе се распрснете по земјата. 9 Тогаш преживеаните меѓу вас ќе си спомнат за Мене меѓу народите каде што ќе бидат одведени во ропство, кога ќе им го скршам прељубничкото срце зашто се одметна од Мене, и кога ќе им ги ископам блудничките очи зашто отидоа по нивните кипови. И тогаш сами себе ќе се замразат заради беззаконијата што ги направија со своите гадности. 10 И ќе сознаат дека Јас Сум Господ: не им зборував напразно дека ќе ги удрам со сето тоа зло.” 11 Господ Бог зборува вака: „Плесни со рацете и тропни со нозете та речи: ‘Леле! заради сите гнасни злодела Израелевиот дом ќе падне од меч, од глад и од помор! 12 Кој ќе биде далеку, ќе умре од помор; кој ќе биде близу, ќе падне од меч, и кој ќе биде опколен ќе издивне од глад! Така ќе го излеам гневот врз нив, 13 и ќе сознаат дека Јас Сум Господ, кога нивните загинати ќе лежат меѓу киповите околу жртвениците на секое повисоко бреже, над сите планински врвови, под секое зелено дрво, под секој разгранчест даб, секаде каде што им се кади со пријатен мирис на нивните кипови. 14 Рацете ќе ги подигнам против нив, и сета земја ќе им ја претворам во пустина, од пустината до Дивлат, насекаде каде што живеат! И ќе сознаат дека Јас Сум Господ.’”‘“
1 Пак ми дојде Господовото слово и ми рече: 2 ”Ти, човечки сине, речи: ‘Вака и зборува Господ на Израелевата Земја: „Крајот се приближува, свршетокот дојде, на сите четири страни на светот! 3 Сега ти е и тебе крајот! Мојот гнев ќе го излеам врз тебе, ќе ти судам според твоите патишта, и врз тебе ќе ги оборам сите твои гнасности! 4 И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе те наградам според твоите патишта, твоите гнасности ќе останат во тебе. И ќе знаете дека Јас Сум Господ.” 5 Господ зборува вака: „Еве, една несреќа доаѓа! 6 Крајот доаѓа, ти доаѓа крајот, еве доаѓа! 7 Редот дојде врз тебе, жителу на земјата! Твоето време доаѓа, денот наближува стравотија е, а не радост во горите. 8 Ете, наскоро ќе го излеам гневот врз тебе! И Својата јарост ќе ја излеам врз тебе! Ќе ти судам според твоите патишта и ќе ги оборам врз тебе сите твои гнасности. 9 И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе ти платам според твоите патишта, и твоите гнасности ќе останат во тебе! И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, Кој удира. 10 Еве, еве денот доаѓа, те очекува, прачката веќе цвета и гордоста распапува, 11 а насилството се подига како жезло на безбожноста! И никој не ќе остане од нив, никој од нивното мноштво. Ништо од нивниот шум, нема вредност во нив. 12 Времето доаѓа, денот наближува! Кој купува нека не се радува, а кој продава, нека не тагува, зашто гневот се излева врз сето негово богатство. 13 Зашто кој ќе продаде нема да добие повеќе бидејќи продал, и никој нема да го зајакне животот со беззаконие! 14 Трубите трубат и сè е приготвено, но никој не тргнува во борба, зашто Мојот гнев се излева врз сето нивно мноштво. 15 Надвор - меч а внатре - помор и глад! И кој е во полето, ќе загине од меч, а кој е во градот, гладот и поморот ќе го уништат. 16 Кои ќе избегаат ќе се засолнат во горите како долински гулаби, а Јас ќе ги истребам сите, секого заради неговото беззаконие, 17 и сите раце ќе ослабеат и сите колена ќе се затресат како вода. 18 Ќе се облечат во вреќишта, трепет ќе ги опфати, срамот ќе ги покрие сите лица, сите глави ќе останат без коса! 19 Своето сребро ќе го исфрлат по улиците, а златото ќе им биде како ѓубре, во денот на Господовиот гнев не ќе ги избават ни среброто ни златото, не ќе можат да им ги ситат душите ниту да им ги наполнат желудниците, зашто се сопнаа врз тоа за грев. 20 Се возгордеа заради својот прекрасен накит; направија кипови од него - грозности и гнасности свои: затоа им го претворив во нечистотија. 21 Ќе го дадам во рацете на туѓинците за да го запленат, за да го разграбаат и за да го обесветат. 22 Ќе го одвратам од нив Моето лице: и Мојата светина нека се обесветува само нека влезат во неа провалниците и нека ја обесчестат! 23 Подготвувај вериги, зашто земјата е полна со крв и злостори што заслужуваат смрт, и градот е преполн со насилства! 24 Затоа ќе ги доведам најлошите народи, за да ги наследат нивните домови. Ќе ја скршам гордоста на насилникот, и ќе бидат обесветени нивните светилишта. 25 Ќе доаѓаат неволја по неволја, една лоша вест по друга! 26 И ќе побараат видение од пророкот: не ќе има веќе Закон во свештеникот ни совет во старешината! 27 Царот ќе жалее а кнезот ќе го опфати ужас, и рацете на народот ќе се растреперат, зашто ќе ги наградам според нивните патишта и ќе им судам според нивните судови. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“
1 Во шестата година, во шестиот месец, во петтиот ден, додека седев во својата куќа, а пред мене јудејските старешини, Господовата рака се спушти на мене. 2 Погледнав, и ете: тука како некој човек; од неговите слабини надолу како оган, а од неговите слабини нагоре како блескање, нешто слично на усвитена ковина. 3 Испружи нешто слично на рака и ме фати за косата на главата. Тогаш Духот ме подигна меѓу земјата и небото и ме однесе во Божји привид во Ерусалим, при влезот на внатрешната врата, што е свртена кон север, каде што стои идолот на љубомората што предизвикува љубомора. 4 И ете, таму беше Славата на Израелевиот Бог, како што ја видов во долината. 5 И ми рече: „Човечки сине, подигни ги очите кон север!” И ги подигнав очите кон север. И ете, идолот, на ревноста беше и на север, покрај вратата на жртвеникот, на страната кон влезот. 6 И ми рече: „Човечки сине, гледаш ли што прават тие тука? Тоа се големи гнасности што Израелевиот дом ги прави тука, само за да Ме отстрани од Моето светилиште. А ќе видиш и полоши гнасности!” 7 И ме поведе до вратата на дворот. Погледнав, и ете, пукнатица во ѕидот. 8 И ми рече: „Човечки сине, пробиј го тој ѕид!” Го пробив ѕидот, а тоа - влез! 9 И ми рече: „Влези и погледај ги стравотните гадности што тука се прават!” 10 Влегов и погледнав, и ете, секакви слики на лазачи и на гнасни животни - сè идоли на Израелевиот дом, нашарани на ѕидот, секаде наоколу. 11 А пред тие идоли седумдесет луѓе од старешините на Израелевиот дом, и меѓу нив и Сафановиот син Јазаниј. И кај секого од нив во раката кадилница, од која се подигаше густ облак на силно мирислив темјан. 12 И ми рече: „Човечки сине, гледаш ли што во таа темнина прават старешините на Израелевиот дом, секој во својата насликана соба? И уште зборуваат: ‘Господ не нè гледа, бидејќи Господ ја напушти земјата!’ 13 И уште ми рече: „А ќе видиш и полоши гнасности што се прават тука!” 14 И ме поведе до вратата на Господовиот Дом што се свртени кон север. И ете, таму седеа жени и го оплакуваа Тамуза. 15 И ми рече: „Гледаш ли, човечки сине? А ќе видиш и полоши гнасности од овие!” 16 И ме поведе во внатрешниот двор на Господовиот Дом. Таму, при влезот во Господовиот Храм, меѓу тремот и жртвеникот, имаше околу дваесет и пет луѓе, свртени со плеќите кон Господовиот Храм, а со лицето кон исток, и таму кон исток му се поклонуваа на сонцето 17 И ми рече: „Дали го гледаш тоа човечки сине? Малку ли се во Јудиниот Дом сите овие гнасности што ги прават тука, туку уште ми ја полнат земјата и со насилство, и Ме предизвикуваат повторно, и мавтаат со гранки пред носот? 18 Затоа и Јас ќе постапам сега со нив јаросно, и Моите очи веќе не ќе се сожалат, и нема да им се смилувам. И кога ќе почнат да викаат со сиот глас во Моите уши, нема да ги послушам.”
1 Тогаш извика во моите уши со голем глас и рече: „Казна за градот! Приближете се секој со своето гибелно оружје во раката!” 2 И ете, дојдоа шестмина луѓе од горната врата, што се свртени кон север, секој со гибелно оружје во раката. Меѓу нив имаше и еден облечен во ленена облека со писарски прибор во појасот. Тие влегоа и застанаа покрај бронзениот жртвеник. 3 А Славата на Израелевиот Бог се крена од херувот над кој што трепереше, кон прагот на Домот. И го повика човекот облечен во ленено кој имаше писарски прибор во појасот, 4 И Господ му рече: „Помини низ градот Ерусалим и обележи ги со знакот ‘тау’ челата на сите што тажат и плачат заради гнасностите што се прават во него!” 5 А на другите им рече пред моите уши: „Тргнете по него низ градот и убивајте без милосрдие. Вашите очи нека не се сожалат и немајте милост. 6 Погубете ги старците, младинците, девојките децата и жените; истребете ги сите до последниот. Но, врз кого ќе биде знакот ‘тау’ него не го зафаќајте. Почнете од Моето светилиште!” И тие почнаа од старешините, кои што стоеја пред Домот. 7 И им рече: „Обесветете го Мојот Дом и наполнете му го дворот со трупови! Тргнете!” И тие излегоа та почнаа да убиваат низ градот. 8 Додека тие погубуваа, јас останав, се фрлив ничкум и завикав: „Ох Господи, Господи! Зар навистина ќе ги уништиш сите што останаа од Израел, за да го излееш Својот гнев над Ерусалим?” 9 Тој ми рече: „Мошне е големо беззаконието на Израелевиот дом и на Јудиниот дом; земјата е полна со крв, а градот преполн со разврат.” Зборуваат: „Господ ја остави земјата! Господ не гледа!” 10 И затоа Моите очи нема да се сожалат, и нема да им се смилуваат: нивните дела ќе им ги оборам врз главата! 11 И ете, човекот облечен во ленена облека што имаше писарски прибор во појасот, ја јави веста: „Сторив како што ми заповеда!”
1 Погледнав и ете, на сводот над главите на херувите се појави нешто како каменот сафир, како нешто слично на престол. 2 И му прозбори на човекот облечен во ленено: „Влези меѓу колцата под херувите, земи полн грст жар меѓу херувите и истури ја над градот!” - И тој пред моите очи влезе меѓу херувите. 3 А херувите стоеја од десната страна на Домот кога човекот влезе меѓу нив. И облакот го исполни сиот внатрешен двор. 4 А Славата Господова се крена од херувите кон прагот на Домот. Домот се исполни со облакот, а светлината на Господовата Слава го исполни дворот. 5 Шумот на херувските крила се слушаше сè до надворешниот двор, како гласот на Сèсилниот Бог, кога Тој зборува. 6 А кога тој му заповеда на човекот облечен во ленено: „Земи оган меѓу колцата што се под херувите”, човекот влезе и застана покрај тркалата. 7 Едниот херув ја протегна раката кон огнот, што беше меѓу херувите, го зеде и го стави во рацете на човекот облечен во ленена облека. Тој го прими и излезе. 8 А под херувските крила се покажа нешто како човечка рака. 9 Погледнав и ете: покрај херувите четири колца, по едно покрај секого. А тркалата беа слични на каменот хрисолит; 10 сите четири со исти облик и како едното тркало да е во другото. 11 При движењето можеа да одат во сите четири насоки, сè без завртување. Каде што ќе се насочеше главата, натаму би тргнале а да не требаа, движејќи се, да се вртат. 12 Целото тело на херувите - плеќите, рацете, крилата и сите четири нивни колца - сè им беше насекаде наоколу полно со очи. 13 А колцата, колку што чув, се викаа „Виор”. 14 Секој имаше по четири лица: лицето на првиот херувско, лицето на вториот човечко, а во третиот лице лавско, во четвртиот орелско. 15 Тогаш херувите се подигнаа во височините, тоа беше истото суштество што го видов покрај реката Хевара. 16 Кога херувите ќе тргнеа, ќе тргнеа и тркалата покрај нив, кога херувите ќе замавтаа со крилата за да се подигнат од земјата, колцата не се отстрануваа од нив. 17 Кога ќе застанеа, и тркалата се креваа, зашто духот на суштествата беше во нив. 18 Тогаш Господовата Слава се крена од прагот на Домот и застана над херувите. 19 Тогаш херувите ги раширија крилата и се поткренаа од земјата пред моите очи. А кога тие тргнаа, и колцата тргнаа по нив. И застанаа над источната врата на Господовиот Дом, а Славата на Израелевиот Бог беше над нив. 20 Тоа беа истите суштества што ги видов во подножјето на Израелевиот Бог покрај реката Хевара. И така сознав дека тоа беа херуви. 21 Во секого по четири лица и по четири крила, а под крилата нешто како човечка рака. 22 Лицата им беа како оние што ги видов при реката Хевара. И секој се движеше напред.
1 Тогаш Духот се подигна и ме однесе до Источната Врата на Господовиот Дом, што е свртена кон исток. И ете: при влезот на вратата дваесет и пет луѓе, меѓу кои го видов и Јазаниј, синот Азуров и Фенатиј, синот Венајин, народни началници. 2 И ми рече: „Човечки сине, еве ги луѓето што смислуваат нечесности и кои што му даваат на овој град лоши совети, велејќи: 3 ’Не е ли час да градиме домови? Овој град е котел, а ние сме месо.’ 4 Затоа пророкувај против нив, пророкувај, човечки сине!” 5 И Господовиот Дух слезе врз мене и ми кажа: „Речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Не зборуваш ли така, Израелев дому? Ама Јас ги познавам мислите на вашето срце! 6 Ги умножувате убиствата во овој град и неговите улици ги полните со трупови.” 7 Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Тие што вие ги прободовте и ги расфрлавте по градот - тие се месо, а градот е котел. Затоа сега ќе ве изведам од него. 8 Стравувате од меч, и меч ќе доведам на вас, говори Господ Бог! 9 Ќе ве изведам од градот и ќе ве предадам во рацете на туѓинците и ќе го извршам Мојот суд врз вас: 10 ќе паднете од меч, ќе ви судам на Израелевата Меѓа, и тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ! 11 А овој град веќе нема да биде котел, и вие нема да бидете негово месо. Ќе ви судам на Израелевата Меѓа, 12 и тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ по чии уредби не живеевте и чии закони не ги извршувавте, туку живеевте по законите на околните народи!”‘“ 13 Додека пророкуваше така, почина Фелатиј, синот Венајин и јас паднав ничкум та извикав со сиот глас: „Леле Господи, Господи, зар навистина ќе го уништиш сиот Остаток на Израелевиот дом?” 14 И ми дојде Господовото слово: 15 ”Човечки сине, на твоите браќа и на твоите роднини, и на сиот Израелев дом, Ерусалимците им зборуваат: ‘Далеку сте од Господ! Оваа земја не ни е дадена нам во сопственост!’ 16 Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ако и ги протерав меѓу далечните народи, ако и ги распрснав по земјите, наскоро Јас самиот ќе им бидам Светилиште во земјите во кои се наоѓаат.”‘ 17 Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Ќе ве соберам од народите, ќе ве вратам од земјите во кои што бевте распрснати, и пак ќе ви ја дадам Израелевата Земја!”‘ 18 И кога ќе се вратите во неа, ќе ги истребат од неа сите грозности и гадости. 19 И Јас ќе им дадам ново срце и ќе вдахнам нов дух во нив: ќе го откорнам од нив нивното камено срце и ќе ставам во нив срце од месо, 20 за да одат по Моите наредби и да ги чуваат и да ги вршат сите Мои закони. И тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог! 21 А на оние на кои срцето оди по грозностите и гадостите ќе го оборам врз главата нивниот пат,” говори Господ Бог. 22 Херувите ги подигнаа крилата, и колцата се кренаа по нив, а Славата на Израелевиот Бог трепереше над нив. 23 Господовата Слава се крена од градот и застана на гората, источно од градот. 24 А Духот ме подигна мене и ме понесе со Божјиот Дух кон заробениците во Халдејската Земја. И исчезна видението што го гледав. 25 И им раскажав на изгонетите сè што Господ ми откри.
1 Пак ми дојде Господовто слово: 2 ”Човечки сине! Ти престојуваш во одметнички дом кој има очи, а не гледа, има уши, а не слуша, но тие не слушаат, зашто се одметнички дом. 3 Затоа, човечки сине, подготви си заточенички врзулец со потребни работи и пред нивните очи дење сели се: сели се од своето место во друго, не би ли увиделе дека се бунтовнички дом. 4 Дење, пред нивните очи, изнеси го врзулецот, заточеничкиот врзулец, а излези ноќе пред нивните очи, како што се оди на заточение. 5 Пред нивните очи стави го врзулецот на рамена и излези во темната ноќ. 6 Покриј го лицето, за да не ја видиш земјата, зашто те поставив како знак за Израелевиот дом!” 7 Направив како што ми беше наредено: дење ги изнесов моите работи, а ноќе го продупчив ѕидот со рацете, и пред нивните очи во темната ноќ ги ставив работите на рамена. 8 Наутро ми дојде Господовото слово: 9 ”Човечки сине, ако те праша Израелевиот дом, бунтовничкиот дом: ‘Што правиш тоа?’ 10 Ти речи му: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ова е пророштво за ерусалимскиот кнез и за сиот Израелев дом што е во Ерусалим.”‘ 11 Речи: ‘Јас сум ваш знак! Како што направив јас, така ќе им биде ним: сите ќе треба да се селите на заточение!’ 12 Нивниот кнез ќе треба да го стави врзулецот на рамена и да излезе по темна ноќ. Ќе го продупчи ѕидот за да излезе низ него, и лицето ќе го покрие со рацете, за да не ја види земјата. 13 Јас ќе му оптегнам мрежа и ќе се фати во Мојата стапица, и ќе го одведам во Вавилон, во Халдејската земја. Но тој нема да ја здогледа и таму ќе го остави животот. 14 А сите оние околу него, помошниците и четите, ќе ги распрснам во сите ветришта и ќе го извлечам Својот меч против нив. 15 А кога ќе ги распрснам меѓу народите и кога ќе ги расеам по земјите, ќе знаат дека Јас Сум Господ. 16 Сепак, ќе оставам малкумина што ќе му избегаат на мечот, на гладот и на поморот, за да ги раскажуваат своите гадности меѓу народите каде ќе стигнат, нека се знае дека Јас Сум Господ.” 17 И ми дојде Господово слово: 18 ”Човечки сине, јади леб загрижено и пиј вода со тресење од страв и со трепет! 19 И речи му на народот на земјата: ‘Господ, Господ, им зборува вака на ерусалимците во Израелевата земја: „Ќе јадат леб загрижено и ќе пијат вода со трепет, зашто земјата ќе им запустее, и ќе остане без ништо никаде, заради беззаконијата на своите жители. 20 И сите градови, сега населени, ќе бидат ограбени, а сета земја запустена. И ќе знаат дека Јас Сум Господ!”‘“ 21 И ми дојде Господовото слово: 22 ”Човечки сине, какви ви се тие приказни за Израелевата земја? Се зборува: ‘Ете, деновите минуваат, а од пророштвото ништо!’ 23 Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ќе ги докрајчам тие приказни, и не ќе бидат повторувани веќе во Израел.” Речи им: „Деновите веќе наближуваат, и сите Мои пророштва ќе се исполнат! 24 Зашто не ќе има веќе во Израелевиот дом измамливи виденија, ни лажни пророштва, со кои што ги заведуваа луѓето. 25 Бидејќи што Јас, Господ, Господ, зборувам, тоа и ќе биде и словото нема да биде одложено! Да! уште во вашите дни, бунтовнички роду, ќе го изговорам словото и ќе го извршам.” Така зборува Господ, Господ!’” 26 И ми дојде Господово слово: 27 ”Човечки сиие! Еве што се зборува во Израелевиот дом: ‘Видението што овој го виде е за далечни денови! Пророкува за далечни времиња!’ 28 Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ниедно Мое слово нема веќе да се одложи! Што реков, речено е и сè ќе се исполни! - Говори Господ Бог.’”
1 И пак ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине! Пророкувај против оние што се прават пророци во Израел! 3 Речи им на тие пророци што пророкуваат според својата глава: ‘Чујте го Господовото слово! Господ Бог зборува вака: „Тешко им на безумните пророци кои што го следат својот дух, а ништо не гледаат! 4 Тие твои пророци Израелу, се како лисици меѓу урнатини. 5 Вие не се искачивте на проломите и не ѕидавте ѕид околу Израелевиот дом, за да се одржи во борба во Господовиот ден. 6 Нивните привиди се суетни, и лажни се нивните пророкувања. Зборуваат: ‘Господово слово!’ - а Господ не ги испратил. И уште чекаат дека ќе им се исполнат зборовите. 7 Зар не гледате дека виденијата ви се празни и дека ви се лажни пророкувањата кога велите: ‘Господово слово!’ - а Јас не зборував.” 8 Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Затоа што зборувате суетно и гледате лага, еве Ме против вас - зборува Господ Бог! 9 Еве Ме, Мојата рака ќе биде против пророците што гледаат суетно и што пророкуваат лага: не ќе бидат веќе во собирот на Мојот народ, не ќе бидат запишани во книгата на Израелевиот дом, никогаш веќе не ќе стапат на Израелева почва! И ќе знаат дека Јас Сум, Господ Бог. 10 Зошто го измамуваат Мојот народ велејќи: ‘Мир’, кога мир нема. И додека едните одат за да се зацврсти ѕидот, тие сакаат само да се намачка со вар. 11 Речи им на оние кои што сакаат само да се намачка: ‘Ќе падне! Ќе удри силен поројник, ќе фрлам на него град како камења, ќе беснеат буроносни виори. 12 Еве, ѕидот ќе падне! Не ќе ли ве прашаат тогаш: Каде е сега варта со која го измачкавте?’” 13 Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Во Својата јарост ќе ги разбеснам буроносните виори, во Својата расрденост ќе го удрам со силен пороен дожд за да го затрам; во гнев ќе фрлам врз него град како камења. 14 Ќе го разурнам ѕидот што вие го варосавте со вар, ќе го урнам на земја, за да му се разголат основите. Ѕидот ќе падне, и вие ќе загинете под него! Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ! 15 Така ќе го излеам Својот гнев над ѕидот и над оние што го варосаа со вар. А вам ќе ви речам: ‘Нема веќе ѕид! Ги нема оние што го намачкаа со вар. 16 Ги нема израелевите пророци кои што му пророкуваа на Ерусалим и кои што му навестуваа мир кога немаше мир.’” Така зборува Господ Бог. 17 ”Човечки сине, сврти го своето лице против ќерките на својот народ, кои што пророкуваат според својата глава! Пророкувај против нив: 18 ’Господ, Господ, зборува вака: „Тешко им на оние што везат везови за сечии раце и што прават покривки за глави од секоја големина, за да уловат души! Мислите ли да ги уловите сите души на Мојот народ, а своите души да ги запазите живи? 19 Ми ја одземате честа пред Мојот народ за грст јачмен, за залак леб, убивајќи ги душите што не би требале да умрат, а спасувајќи ги оние што не би требале да живеат; и така го измамувате Мојот народ што со задоволство ги слуша вашите лаги.” 20 Затоа Господ Бог, зборува вака: „Еве Ме против вашите везови, со кои ги ловите душите како птици! Ќе го растргам се тоа во вашите раце и ќе ги ослободам душите што ги фаќате со тоа како птици! 21 Ќе ги искинам вашите покривки и ќе го ослободам Својот народ, за да не биде веќе плен на вашите раце. И ќе знаете дека Јас Сум Господ!”‘“ 22 Зашто вие со лага го ожалостивте срцето на праведникот, што Јас не сакав да го ожалостам, а ги закрепивте рацете на безбожникот, за да не се одврати од лошиот безбожнички пат, па да го спаси животот. 23 Затоа веќе не ќе гледате суетно, ниту ќе пророкувате лага: Јас ќе го ослободам Својот народ од вашите раце. И ќе знаете дека Јас Сум Господ!’”
1 Потоа дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини и седнаа пред мене. 2 И ми дојде Господовото слово: 3 ”Човечки сине! Тие луѓе ги носат идолите во срцето и ги насочуваат очите во она што ги поттикнува на грев. Па зар да трпам да бараат совет во Мене? 4 Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „На секој од Израелевиот дом кој носи идоли во срцето и ги насочува очите во она што ги поттикнува на грев, а доаѓа кај пророкот, Јас, Господ, ќе му одговорам според мноштвото на неговите идоли, 5 за да го фатам за срце Израелевиот дом што се одметна од Мене заради своите идоли.”‘ 6 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Обратете се, одвратете се од своите идоли! Одвратете го лицето од своите гнасности! 7 Зашто секому од Израелевиот дом и од придојдениците што се населија во Израел, кој ќе се одметне од Мене и кој ги носи идолите во срцето и ги насочува очите во она што го поттикнува на грев, па и покрај тоа дојде при пророкот да преку него бара совет од Мене, нему Јас Самиот, Господ ќе му одговорам; 8 ќе се свртам против него и ќе направам од него знак и пословица; ќе го откорнам од Својот народ! И ќе знаете дека Јас Сум Господ. 9 Ако пророкот остави да биде заведен и да проговори тоа ќе биде како Јас самиот, Господ, да го заведов тој пророк: ќе ја подигнам раката на него и ќе го откорнам од Својот Израелев народ. 10 Двајцата еднакво ќе го носат својот грев: гревот на пророкот еднаков е на гревот на оној што побарал совет од него. 11 И така Израелевиот дом веќе не ќе се одметнува од Мене и не ќе се валка веќе со своите беззаконија: тој ќе биде Мој народ, а Јас ќе бидам негов Бог - говори Господ, Бог.’” 12 И ми дојде Господовото слово: 13 ”Човечки сине, ако згреши некоја земја против Мене со невера, и Јас ја кренам раката против неа, та и ја уништам и последната поткрепа во леб, и ако пуштам глад на неа за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот; 14 ако останат во неа само тројца луѓе - Ное, Даниел и Јов - тие ќе се спасат со својата праведност - говори Господ Бог. 15 Исто така, ако против таа земја пуштам диви ѕверови, за да и ги уништат децата, а неа ја претворат во пустина, низ која никој не ќе се осмели веќе да помине заради ѕверовите; 16 ако во неа останат само тие тројца луѓе, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси, а нивната земја ќе стане вистинска пустина. 17 Или, ако Јас го истргам мечот против таа земја велејќи: ‘Мечу, помини низ оваа земја!’ за да ги истребам во неа сите луѓе и добитокот, 18 а ако во неа се најдат оние тројца луѓе, животот Ми Мој - говори Господ Бог, тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси. 19 Или, ако Јас испратам помор против таа земја, та излеам врз неа гнев и колеж, за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот, 20 а во неа останат само оние тројца луѓе, Ное, Даниел и Јов, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси со својата праведност.” 21 Господ Бог зборува вака: „Сепак, ако ги пуштам против Ерусалим сите свои четири тешки казни - мечот, гладот, дивите ѕверови и поморот - за да ги затрам во него сите луѓе и стоката, 22 во него сепак ќе преживее Остатокот, кој ќе ги спаси синовите и ќерките. И еве, тие ќе дојдат кај вас за да го видите нивното поведение и нивните дела и да се утешите, зашто ќе познаете: што и да презедов против Ерусалим, не го направив без причина. 23 Да, кога ќе го видите нивното поведение и нивните дела ќе се утешите, зашто ќе познаете не направив без причина што и да презедов против Ерусалим - зборува Господ Бог.”
1 И ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине! Во што е стеблото на лозата подобро од другите горски дрва? 3 Дали служи да се направи нешто од него? Дали се делка клин од него, за да се обеси нешто на него? 4 Ете, се фрла во оган за да изгори: кога огнот ќе му ги изгори двата краја и средината му ја спалува, може ли уште да послужи за нешто? 5 Ете, ни тогаш кога беше цело од него не можеше ништо да се направи. И така, за што може да послужи кога пламенот ќе го изгори? 6 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Како што стеблото на лозата меѓу другите дрва, го фрлив во огнот, за да изгори, така ќе постапам и со Ерусалимците! 7 Ќе го насочам Своето лице против нив, и кога ќе се избават од еден оган, друг ќе ги проголта. И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, кога Своето лице ќе го насочам против нив 8 и ќе ја запустам сета земја, зашто Ми беа неверни!’ - говори Господ Бог.”
1 И пак ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине! Покажи му ги на Ерусалим сите негови гадности! 3 Речи: ‘Господ Бог вака му зборува на Ерусалим, на неверницата: „По потекло и родум си од Ханаанската Земја, татко ти Амореец, мајка ти Хетејка. 4 Кога го здогледа светот, на денот на твоето раѓање не ти го пресеков папокот ниту те измија со вода за да те очистат; со сол, не те посолија ниту те повија во пелени. 5 Ниедно око не се сожали на тебе, ниту некој се смилува да ти го направи тоа, туку на денот на твоето раѓање гнасна те фрлија надвор. 6 А јас поминав покрај тебе и видов како се прпелкаш во крв. И ти реков додека уште беше во крвта: ‘Живеј!’ Во твојата крв ти реков: ‘Живеј!’ 7 Порасти како зеленило во полето! И те умножив и ти порасте и стана голема, и дојде време да созрееш. Градите ти се распапија, косата ти порасте, но уште беше гола и разголена. 8 Поминав покрај тебе и се загледав во тебе: и ете, твојата возраст - беше добра за љубов! Ги раширив врз тебе своите скутови и ти ја покрив голотата. Ти се заколнав и склучив завет со тебе - зборува Господ Бог - и ти стана Моја. 9 Те искапив во вода, ја измив крвта од тебе, и те помазав со масло. 10 Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка. 11 Те украсив со накити: на рацете ти ставив нараквици, околу вратот огрлици; 12 ти го украсив носот со прстен, ушите со наушници, а главата ти ја овенчав со најубав венец. 13 И така, сета со сребро и злато се украси, во облека од лен, навезена со вез. За храна ти дадов најубаво брашно, мед и масло. Беше толку убава, прекрасна, слична на царица. 14 Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во Мојот накит што го стави на тебе, зборува Господ Бог. 15 Но твојата убавина те занесе, заради својот глас му се предаде на блудството; своето блудство му го нудеше изобилно на секој минувач, негова беше. 16 Од своите облеки правеше шарени високи места и врз нив блудствуваше, што не било никогаш, ниту ќе биде. 17 Ги зеде и сребрените и златни накити, со кои што те украсив Јас, и од нив си направи машки ликови за да блудствуваш со нив. 18 Ги зеде и шарените, везените облеки, за да ги облечеш во нив своите идоли, и ним им ги принесуваше Моето масло и Мојот темјан. 19 А лебот што ти го дадов - пченичното брашно, медот и маслото со кои те хранев - ги ставаше пред нив за пријатен мирис. Да, тоа беше така - говори Господ Бог! 20 Ги земаше своите синови и ќерки, што Мене Ми ги роди, и им ги колеше ним за храна. Малку ти беше твоето блудствување, 21 па и Моите деца ги даваше за да ги поминуваат низ оган во нивна чест! 22 Во сите тие гнасности и во своето блудство не си спомна за деновите на твојата младост, кога гола и разголеиа се прпелкаше во твојата крв. 23 И врз сите тие зла - Тешко! Тешко! говори Господ Бог - 24 си изгради за себе блудилиште насекаде, подигна високи места. 25 По сите раскрсници подигна високи места и врз нив ја валкаш со кал својата убавина, му се нудиш на секој минувач, умножувајќи го своето блудствување. 26 Се подаде на блудство со синовите на Египет, со силни тела, го умножуваше блудствувањето за да Ме разјариш. 27 Затоа еве, раката ја подигнав против тебе, намалувајќи го оброкот храна и предавајќи те на бесот на твоите мразителки на филистејските ќерки, кои се срамат од твоето срамно поведение. 28 Блудствуваше и со синовите на Асир и не се насити; и со нив блудствуваше, но не се засити. 29 Го умножи своето блудствување и со Ханаанската Земја, но ни тогаш не се задоволи. 30 О колку слабо ли беше твоето срце - говори Господ Бог - кога го, правеше она што го прават најразвратните блудници. 31 На сите челни патишта си подигна блудилишта, насекаде си изгради високи места. Но не како другите блудници, зашто ја презираше блудничката плата, 32 туку како прељубница: место мажот ги примаше странците. 33 На сите блудници им се плаќа, а ти самата ги плаќаше своите љубовници, и уште во своето блудство со дарови ги намамуваше за да ти дојдат отсекаде. 34 Ти беше блудница какви што нема: никој по тебе не трчаше за да блудствува со тебе, туку самата си давала блудничка плата, а тебе не ти ја плаќаа. Поради тоа со тебе стануваше спротивно.” 35 Затоа, развратнице, чуј го Господовото слово: 36 Господ Бог зборува вака: „Зашто ја соблекуваше својата срамота и во блудство ја откриваше својата голота пред сите свои љубовници и пред гнасните идоли, и заради крвта на своите синови што им ги принесуваше ним, 37 еве, ќе ги соберам сите твои љубовници со кои што се насладуваше, сите кои што ги сакаше и ги мразеше, ќе ги соберам отсекаде против тебе и ќе им ја откријам твојата голота за да ја видат целата твоја срамота. 38 Ќе ти судам како што им се суди на прељубниците и на крвниците, и ќе те предадам на нивниот бес. 39 Ќе те предадам во нивните раце за да ги разурнат твоите блудилишта за да ги срушат твоите високи места. И ќе ги скинам облеките од тебе, ќе ти го грабнам накитот и ќе те остават гола, сосем разголена. 40 А потоа ќе доведат многу луѓе против тебе, за да те каменуваат и за да те исечат со мечеви. 41 Ќе ти ги изгорат куќите со оган и пред очите на сите жени ќе ја извршат правдата над тебе. Така ќе го докрајчам твоето блудствување, не ќе даваш веќе блудничка плата. 42 Ќе го излеам својот гнев над тебе и ќе ја повлечам Својата ревност од тебе. Ќе се смирам и веќе не ќе се гневам. 43 И бидејќи не си спомна за својата младост, туку со сè тоа Ме предизвикуваше ќе ги оборам врз твојата глава сите твои постапки - зборува Господ Бог! Веќе не ќе додаваш бесрамности кон сите свои гнасности. 44 Еве, составувачот на пословици ќе ти се потсмее со поговорката ‘Каква мајка таква ќерка.’ 45 Вистинска си ќерка на својата мајка, која ги остави мажот и децата; сестра си на своите сестри, кои ги оставија своите мажи и децата: мајка ви беше Хетејка, а таткото Амореец: 46 Самарија, твојата постара сестра, со своите ќерки ти стои тебе одлево; Содом, твојата помлада сестра, со своите ќерки ти стои оддесно. 47 А ти не само што одеше по нивниот пат и ги правеше нивните гнасности - тоа ќе ти беше премалку тебе - туку беше од нив порасипана по своите патишта. 48 Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - твојата сестра Содом со своите ќерки не направи што направи ти заедно со своите ќерки. 49 Еве ги беззаконијата на твојата сестра Содом: горделиво, во изобилство на леб и безгрижно живееја таа и нејзините ќерки, а сиромашните и бедните не ги помагаа. 50 Се возгордеаја и правеа гнасности пред Моите очи, и затоа ги сотрев, како што виде! 51 А сестра ти Самарија не направи ни половина од твоите гревови, и така ти направи повеќе гадости, отколку тие двете заедно, оправдувајќи ги своите сестри со своите гадости. 52 Затоа носи го сега срамот на гревот со кој ги оправда своите сестри; заради гревот со кој се огрди повеќе од нив, тие излегоа поправедни. И така, засрами се, и носи го својот срам со кого ги оправда сестрите. 53 Јас ќе ги вратам нивните заробеници, заробениците на Содом и на нејзините ќерки, заробениците на Самарија и на нејзините ќерки; и меѓу нив твоите заробеници, 54 за да го носиш својот срам и за да се засрамиш за сè, што си направила, ним за утеха. 55 Твојата сестра Содом и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; твојата сестра Самарија и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; тогаш и ти и твоите ќерки ќе се вратите во поранешната состојба. 56 Зар не се спомнуваше твојата сестра Содом додека ти беше горделива, 57 пред да се открие твојата голота? Биди им сега за потсмев на едомските ќерки, на нејзините сосетки и на филистејските ќерки кои ти се потсмеваат од сите страни. 58 Ти трпиш заради твојот разврат и заради твоите гадости - говори Господ Бог. 59 Зашто вака зборува Господ Бог: „Ќе постапам со тебе онака како што направи ти, кога ја згази заклетвата и го раскина заветот. 60 Но Јас пак ќе се спомнам за Мојот Завет што го склучив со тебе во деновите на твојата младост, и ќе воспоставам со тебе вечен сојуз. 61 И ти ќе си спомниш за твоите патишта и ќе се засрамиш кога ќе ги примам твоите сестри, постарата и помладата, кои ќе ти ги дадам за ќерки, но не со силата на својот сојуз. 62 Ќе склучам со тебе Свој Сојуз, и ќе знаеш дека Јас Сум Господ, 63 за да си спомниш и за да се засрамиш и од срам веќе да не ја отвориш устата кога ќе ти простам сè што си направила!” Говори Господ Бог!’”
1 Ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, смисли гатанка и раскажи му приказна на Израелевиот дом! Речи: 3 ’Господ Бог зборува вака: „Голем орел, со големи крила, со долги перја, со густи шарени перца, долета на Ливан и грабна кедрова гранка; 4 му го скрши највисокото гранче, го однесе во земјата на трговците, и го спушти во градот на трговците. 5 Потоа зеде семе од земјата, го посади во плодна нива, го стави покрај изобилни води, го засади како врба. 6 Подникот из’рта, стана бујна лоза, ниска на раст, нејзините подници посегнаа кон орелот, а нејзините корења беа под него; се разви во бујна лоза, потера подници, ги разгранчи прачките. 7 Имаше и друг орел, голем и со големи крила, со густи перја. И ете, лозата протегна корења кон него, кон него ги насочи своите гранчиња за да ја напои подобро од почвата во која што беше посадена. 8 На плодна нива, покрај изобилни води, беше посадена: можеше да пушта прачки, да роди со плод, да порасте како величествена лоза.”‘ 9 Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дали таа ќе успее? Не ќе и ли ги олупи орелот сите корења? Не ќе и ли ги истрга сите плодови? Не ќе ли и се исушат сите прачки, штом ќе никнат? Да, и без силни мишки, и без мноштво народ, ќе ја откорне од коренот! 10 Ете, посадена е! Дали ќе успева? Штом ќе ја допре источниот ветар, не ќе ли се исуши сета? Да, во леите што никнува ќе овене.”‘“ 11 Ми дојде Господовот слово: 12 ”Речи му на одметничкиот дом: ‘Зар не знаете што значи ова?’ Речи им: ‘Ете, Вавилонскиот цар дојде во Ерусалим, му ги зароби царот и сите кнезови, ги одведе кај себе во Вавилон. 13 Го одведе и подникот од царското колено, склучи сојуз со него и се обврза со заклетва, откако ги одведе сите силници од земјата, 14 дека царството ќе остане незнатно и дека нема да се крева, туку дека ќе го пази и одржува сојузот со него. 15 Но тој се одметна од него; испрати пратеници во Египет барајќи од него коњи и силна војска. Дали ќе успее? Може ли да избега оној кој работи така? 16 Животот Ми Мој, говори Господ Бог: зашто го презре царот кој го постави на престол и дека го раскина сојузот со него ќе умре во неговата земја, среде Вавилон! 17 Со својата силна војска и со мноштво народ фараонот не ќе му помогне во бојот, кога оној ќе подигне насипи и ќе изгради опсадни стражарници, за да му сотре многу луѓе. 18 Ја презре заклетвата, го раскина сојузот. Да, иако ја имаше дадено раката, го направи сè тоа! Не, нема да избега.’” 19 Затоа Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, заклетвата што ја презре и Мојот сојуз што го раскина, ќе ги оборам врз неговата глава! 20 Ќе оптегнам мрежа над него, и ќе се фати во Мојата стапица, па ќе го одведам во Вавилон и таму ќе му судам заради неверата со која што ме изневери. 21 Светот на неговата војска ќе падне од меч, а остатокот ќе се распрсне во сите ветришта. И ќе познаете дека Јас, Господ реков така.” 22 Господ Бог зборува вака: „Од врвот на големиот кедар, од врвчето на неговите млади гранчиња, ќе скршам гранче и ќе го посадам на висока гора, на највисоката. 23 На највисоката израелева гора, ќе го посадам него: тоа ќе пушти гранчиња, ќе роди со плод, и секаков вид птици ќе живеат под него, под сенките ќе се населат. 24 И сите полски дрва ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го понижувам високото дрво, а на сувото дрво му давам да се раззеленува. Јас Господ, реков и ќе направам!”
1 Ми дојде Господово слово: 2 ”Зошто вие ја употребувате во Израел пословицата: ‘Татковците јадеа кисело грозје, а на синовите забите им фаќаат оскомина!’ 3 Животот Ми Мој, говори Господ Бог: Никој од вас нема веќе да ја повторува во Израел таа поговорка; 4 зашто, сите животи се Мои, како животот на таткото така и животот на синот. И еве, оној кој ќе згреши, тој ќе умре. 5 Кој е праведен и кој ги почитува законот и правдата, 6 и не јаде по планините и не ги подига очите кон идолите на Израелевиот дом, не ја обесчествува жената на својот ближен и не и приоѓа на жената додека е нечиста; 7 никому не му нанесува насилство, го враќа земеното во залог и ништо не ограбува; го дели својот леб со гладните, го облекува голиот, 8 не дава на заем со добивка, ја воздржува раката од неправда, пресудува според вистината, 9 оди по Моите наредби и ги чува Моите закони, постапувајќи според вистината - тој е навистина праведен и тој ќе живее, зборува Господ Бог. 10 Но ако роди тој син разбојник, кој пролева крв, или ќе му направи нешто слично на братот, 11 а не работи како неговиот родител, туку јаде по горите, ја обесчествува жената на ближниот; 12 му нанесува насилство на сиромашниот и бедниот, ограбува, не враќа што примил како залог, очите ги подига кон идолите, правејќи одвратности; 13 дава на заем со добивка и зема придобивка - не, таквиот син нема да живее! Ги направил тие гадости и ќе умре, а неговата крв ќе падне врз него. 14 А ако тој роди син кој ќе ги согледа сите гревови што ги направил неговиот татко, ако ги согледа и ако така веќе не направи; 15 не јаде по планините, очите не ги подига кон идолите на Израелевиот дом, не ја обесчествува жената на ближниот; 16 никому не му нанесува насилство, не го присвојува залогот, ништо не ограбува, го дели својот леб со гладниот, го облекува голиот; 17 раката ја воздржува од неправда, не зема печалба ни добивка, ги извршува Моите закони и оди по моите наредби - не, тој нема да умре заради татковиот грев, тој ќе живее. 18 А неговиот татко кој го угнетуваше немилостиво и го ограбуваше својот ближен, правејќи во народот што не чини, ќе умре заради својот грев. 19 Но вие велите: ‘Зошто синот да не го носи татковиот грев?’ Затоа што синот извршува закон и правда, ги чува и ги врши сите Мои наредби, ќе живее. 20 Оној кој ќе згреши, тој и ќе умре. Синот нема да го носи татковиот грев, ни таткото синовиот грев. Врз праведникот ќе биде неговата правда, а врз безбожникот неговата безбожност. 21 Ако безбожникот се одврати од сите гревови што ги направил, ако ги чува сите Мои наредби и ги врши законот и правдата, ќе живее и нема да умре. 22 Сите негови неправди што ги направил ќе бидат заборавени: заради праведноста што ја прави, ќе живее. 23 Зашто зар ми е Мене до тоа да умре безбожникот - говори Господ Бог - а не да се одврати од сите свои лоши патишта и да живее? 24 Ако ли праведникот се одврати од својата праведност и почне да прави неправда и сите гадости што ги работи безбожникот - дали ќе живее? Сите праведни дела што ги правел ќе бидат заборавени, а заради својата невера со која што изневери и заради гревовите што ги направил, ќе умре. 25 А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Чуј Израелев доме: Мојот ли пат не е праведен? Не се ли вашите патишта неправедни? 26 Ако праведникот се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, па умре заради тоа, ќе умре заради неправдата што ја направил. 27 А ако безбожникот се одврати од својата безбожност што ја правел, па почне да ги врши Мојот закон и правда, ќе живее и нема да умре. 28 29 Но Израелевиот дом вели: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Моите патишта ли не се праведни, доме Израелев? Не се ли неправедни вашите патишта? 30 Затоа доме Израелев, Јас ќе му судам секому според неговите патишта - говори Господ Бог. И така, покајте се и обратете се од сите свои престапи и вашиот грев не ќе ви биде гибел! 31 Отфрлете ги од себе сите гревови што ги правевте и направете си ново срце и нов дух! Зошто да умирате доме Израелев? 32 Јас не му ја сакам смртта на никој кој умира - говори Господ Бог. И така обратете се и живејте!”
1 А ти, човечки сине, затажи со тажачка за Израелевите кнезови. 2 Речи: ‘Што беше твојата мајка? Лавица меѓу лавовите, лежеше меѓу лавчињата, хранејќи ги своите млади. 3 И исхрани едно младо, кое стана лав. Откако се научи да го дере пленот, почна да ги голта луѓето! 4 Народите се здружија против него, лавот падна во нивната јама, го одведоа во вериги во Египетската Земја. 5 А кога мајката виде дека чека напразно и дека и пропадна надежта, зеде друго младо и направи лав од него. 6 Откако се научи да го дере пленот, почна да ги голта луѓето, 7 да им ги разурнува тврдините, да им ги запустува градовите, земјата се стресе и сè врз неа од силната негова рака. 8 Но луѓето од околните места се дигнаа против него и му поставија стапица; и лавот се фати во нивната јама. 9 Окован го затворија во решетка, го одведоа при вавилонскиот цар, таму го затворија во тврдина, за да не му се слуша веќе рикањето по Израелевите гори. 10 Твојата мајка беше како лоза посадена покрај вода, родна и гранчеста од изобилство на вода! 11 Имаше силна гранка за владетелска палка, се воздигна над венецот на стеблото, лична со височината, со многу гранчиња. 12 Но во гнев беше откорната и фрлена на земја. Источникот и го исуши родот: се скрши и овена нејзината силна гранка, и огнот ја голтна. 13 Беше пресадена во пустина, во сува земја безводна. 14 Но се разгоре пламен од нејзината прачка и и ги спали гранките и плодовите! И нема веќе врз неа силна гранка за владетелска палка.’” Еве, тоа е тажачка и ќе остане тажачка.
1 Во седмата година, во петтиот месец, во десетиот ден, дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини за да се советуваат со Господ. Седнаа пред мене. 2 И ми дојде Господово слово: „Човечки сине! Зборувај им на Израелевите старешини! 3 Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојдовте да ме прашате за совет? Животот Ми Мој нема да Ме прашате! - говори Господ Бог.’ 4 Сакаш ли да им судиш, дали ќе им судиш, човечки сине? Покажи им ги гадостите на нивните татковци. 5 Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога го избрав Израел и ја ставив раката на потомството на Јакововиот дом та им се објавив во Египетската Земја, им се заколнав: ‘Јас Сум Господ, ваш Бог!’ 6 Во тој ден им се заколнав со подигната рака дека ќе ги изведам од Египетската Земја, во земја што ја избрав за нив, во земја во која течат мед и млеко, најубава од сите земји. 7 И им реков: ‘Отфрлете ги од себеси сите гадости што ви ги привлекуваат очите, и не се валкајте со египетските идоли, зашто Јас сум Господ, ваш Бог!’ 8 Но тие се одметнаа од Мене и не сакаа да Ме слушаат: ниеден не ги отфрли гадостите што му ги пленија очите и не се отстрани од египетските идоли. Тогаш одлучив да го излеам Мојот гнев врз нив и да ја излеам Мојата јарост врз нив во Египетската Земја. 9 Но заради Моето Име - за да не се хули пред очите на народите меѓу кои што престојуваа и пред кои им бев јавил дека ќе ги изведам. 10 Ги изведов од Египетската Земја и ги одведов во пустината; 11 и им ги дадов своите заповеди и им ги објавив Своите закони, кои што секој треба да ги извршува за да живее; 12 им ги дадов и своите саботи, како знак меѓу Себе и нив, нека знаат дека Јас Сум Господ Кој ги осветува. 13 Но и во пустината Израелевиот дом се одметна од Мене: не одеа по Моите заповеди ги отфрлија Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее; ги обесветуваа Моите саботи. И затоа одлучив во пустината да го излеам Мојот гнев врз нив за да ги сотрам. 14 Но ни тоа не го направив заради Своето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов. 15 Но им се заколнав во пустината дека нема да ги воведам во земјата што им ја дадов, во земјата низ која течат мед и млеко, најубава од сите земји, 16 зашто ги отфрлија Моите закони, и не одеа по Моите заповеди, и ги обесветуваа моите саботи, а срцето им одеше по нивните идоли. 17 Моите очи сепак се сожалија за да не ги сотрам. И така не ги уништив во пустината. 18 Туку им реков на нивните синови во пустината: ‘Не одете по заповедите на вашите татковци, не ги пазете нивните закони и не се осквернувајте со нивните идоли! 19 Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог! Одете по Моите заповеди пазете ги и исполнувајте ги Моите закони, 20 и празнувајте ги Моите саботи, тие нека бидат знак меѓу Мене и вас за да се знае дека Јас Сум Господ, ваш Бог!’ 21 Но и синовите се одметнаа од Мене, не одеа по Моите заповеди, и не ги пазеа ни постапуваа по Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее, а Моите саботи ги онечистија. И затоа одлучив да го излеам Мојот гнев и да ја излеам Својата јарост врз нив во пустината. 22 Но сепак ја воздржав Мојата рака заради Моето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов. 23 Но, се заколнав во пустината дека ќе ги распрснам меѓу народите и дека ќе ги расеам по земјите, 24 зашто не ги извршуваа Моите закони, и зашто ги презреа Моите заповеди, и зашто ги обесветуваа Моите саботи и ги насочуваа очите кон идолите на своите татковци. 25 И затоа им дадов уредби што не беа добри, закони што усмртуваат: 26 И им попуштив да се онечистуваат со своите жртвени приноси, поминувајќи ги низ оган своите првороденчиња, за да ги истребам, за да знаат дека Јас Сум Господ.”‘ 27 Човечки сине, речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „И со ова уште Ме навредија вашите очи: со неверство Ме изневерија! 28 Кога ги воведов во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам, каде и да согледаа возвишено бреже или разгранчено дрво, принесуваа жртви, донесуваа предизвикувачки приноси, ставаа пријатни мириси, ставаа налевници. 29 Ги прашав: ‘Што ли значи тоа возвишение на кое се искачувате?’ И така остана името „Бама”, Возвишение, до денешниот ден.”‘ 30 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Не се онечистивте ли вие како вашите татковци, не правите ли и вие блудство со нивните гадости? 31 Се валкате принесувајќи им дарови, поминувајќи ги низ оган своите синови во чест на сите свои идоли се до денешниот ден. И тогаш да Ме прашаш за совет доме Израелев! Животот Ми Мој - говори Господ Бог - нема да Ме прашате за совет! 32 И нема да се случи за што сонувате, кога зборувате: ‘Ќе бидеме како другите народи, како народите на другите земји што им служат на дрвата и на камењата.’ 33 Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе владеам со вас со силна рака и со подигната мишка, во сета жестокост на Својата јарост. 34 Ќе ве изведам од народите, ќе ве соберам од сите земји во кои што бевте распрснати со силна рака и со подигната мишка во сиот пламен на Мојата јарост! 35 Ќе ве одведам во пустината на народите и таму ќе ви судам лице в лице! 36 Како што им судев на вашите татковци во пустината на Египетската Земја, и вам ќе ви судам - говори Господ Бог! 37 Ќе ве поминам под Својот жезал, ќе се вратите во мал број, 38 ќе ги одделам од меѓу вас сите кои се побунија и се одметнаа од Мене: ќе ги изведам од земјата во која што престојуваат како придојденци, но - во Израелевата Земја никогаш не ќе влезат! И ќе знаат дека Јас Сум Господ! 39 А вие, доме Израелев, - вака зборува Господ Бог - само одете и натаму служете му секој на својот идол! Еднаш, ви се колнам, ќе послушате и веќе не ќе го хулите Моето свето Име со своите приноси и идоли: 40 На Мојата Света Гора, на високата Израелева Гора - вели Господ Бог - ќе ми служи сиот Израелев дом, во целата земја. Таму тие ќе ми замилеат, и таму ќе ги барам вашите приноси и приносите на вашите први плодови со сите светини. 41 Ќе ми замилеете како пријатно кадење, кога ќе ве изведам од народите и кога ќе ве соберам од земјите во кои бевте расеани. И на вас ќе ја покажам Својата светост пред очите на сите народи. 42 Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ве доведам во Израелевата Земја, во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци. 43 Таму ќе се спомнете за сите свои патишта и за сите ваши дела со кои се онечистивте: ќе се замразите сами себеси заради злоделата што ги направивте. 44 И тогаш ќе сознаете дека Јас Сум Господ кога, заради Моето Име, не постапувам со вас според вашите лоши патишта ни според вашите развратни дела, доме Израелев!” Така зборува Господ Бог.’” 45 И ми дојде Господово слово: 46 ”Човечки сине, сврти го лицето кон југ и истури беседа кон југ, та пророкувај против гората во Негевскиот Крај. 47 Речи и на неговата шума: ‘Послушај го Господовото слово! Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе запалам оган сред тебе, и тој ќе го голтне во тебе секое дрво, зелено и суво! Разгорениот оган нема да згасне додека не изгори сè од север до југ. 48 И сите ќе видат дека Јас, Господ, го запалив тој оган, и нема да угасне.”‘“ 49 На тоа реков: „О Господи Боже, та тие ќе речат за мене: ‘Еве го пак раскажувачот со приказни!’”
1 И ми дојде Господовото слово: 2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон Ерусалим и произнеси беседа против неговото Светилиште, и пророкувај против Израелевата Земја. 3 Речи и на Израелевата Земја: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе! Ќе го истргам мечот од ножницата, ќе ги истребам од тебе сите, и праведните и безбожните. 4 За да ги истребам од тебе праведникот и безбожникот, еве ќе го извлечам мечот од ножницата против секое тело, од север до југ. 5 И секое тело ќе сознае дека Јас, Господ, го истргав Својот меч од ножницата и дека никогаш веќе не ќе го вратам!”‘ 6 А ти, човечки сине, воздивнувај како да ти се искршени сите ребра, воздивнувај горко, пред нивните очи! 7 Ако ли те прашаат: ‘Што лелекаш толку?’ Речи им: ‘Заради веста што пристигна, од која ќе премрат сите срца и ќе се обесилат сите раце, секој дух ќе биде нерасположен и секое колено ќе трепери. Еве, доаѓа, веќе е тука!’ Така зборува Господ.” 8 И ми дојде Господово слово: 9 ”Човечки сине, пророкувај: ‘Вака зборува Господ Бог. Речи: ‘Меч! Меч! Наострен и светнат! 10 Наострен за колеж, светнат за да светка. 11 Светнат за да го прифати рака, наострен меч, светнат, за да се стави во раката на убиецот.’ 12 А ти, човечки сине, плачи, тажи! Зашто еве, мечот е веќе извлечен против Мојот народ, меч против Израелевите кнезови: сите тие со Мојот народ му се предадени на мечот! Затоа удри се во слабините. 13 Искушението дојде, и веќе не ќе има отфрлен жезал - говори Господ Бог. 14 А ти човечки сине, пророкувај и плескај со рацете. Нека се удвои, нека се утрои, тој меч на колеж, меч на голем колеж што ги опкружува отсекаде. 15 За да затреперат срцата, за да бидат неброени жртви, поставив меч на секоја врата, подготвен како молња да светка, наострен за колежи. 16 Назад! Десно! Напред! Лево! 17 И Јас ќе плескам со рацете, ќе го излеам Својот гнев врз нив Јас, Господ, реков!” 18 И ми дојде Господово слово: 19 ”Човечки сине, зацртај два пата каде да тргне мечот на вавилонскиот цар. Двата пата нека излегуваат од иста земја! На раскрсницата на патот кон градот остави патоказ. 20 Зацртај му на мечот пат за да дојде во Рава Бе-Амон и во Јудеја, во утврдениот Ерусалим. 21 Зашто вавилонскиот цар стои на почетокот на патот, на двата пата, и ги прашува знаците - ги меша волшебните стрели, ги распрашува идолите и гледа во црн дроб. 22 Знаците во десницата му велат: на Ерусалим; за да намести таму ѕидокршачи, да нареди колеж, да подигне ѕидокршачи против вратите, да насипе насип и да изгради опсадни стражарници. 23 Но ним ќе им се стори дека знакот е лажен, зашто му се заколнаа на верност. Но тогаш тој ќе ги потсети на нивното неверство во кое се фатија. 24 Затоа, Господ Бог зборува вака: ‘Зашто непрекратно потсетувате на своите беззаконија, откривајќи ги опачините и покажувајќи ги гревовите во сите свои дела - да, зашто непрекратно потсетувате на нив, во нив ќе се фатите. 25 А тебе, нечесен и безбожен Израелев водачу, тебе ти дојде денот и часот на последниот злостор.’ 26 Господ Бог зборува вака: ‘Извади ја капата од главата и остави го царскиот венец! Зашто сè се менува: кој беше долу, ќе биде возвишен, а кој беше горе ќе биде понижен. 27 урнатини, урнатини, ќе поставам урнатини какви што не биле, додека не дојде Оној Кој ќе суди, зашто Јас ќе Му Го предадам судот.’ 28 Човечки сине, пророкувај: ‘Вака им зборува Господ Бог на Амоновите синови за нивниот срам.’ Речи: ‘Меч! Меч истрган и наострен за колеж, за да сече, за да светка како молња, 29 а дотогаш тебе напразно ти привидуваат, ти пророкуваат лага - за да се стави под вратот на злогласните злосторници, на кои ете, им дојде денот и часот на последниот злочин! 30 Но врати го мечот во ножницата! Во местото каде што си станал, во земјата во која што си се родил, Јас ќе ти судам. 31 Таму ќе го излеам Својот гнев врз тебе и ќе го раздувам против тебе пламенот на Својата расрденост, и ќе те предадам во рацете на жестоки луѓе, вешти погубувачи. 32 И ќе му бидеш храна на огнот, а твојата крв ќе тече по земјата. И никој жив веќе не ќе те спомнува! Зашто Јас Господ, реков така.’”
1 И ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, сакаш ли да судиш, сакаш ли да му судиш на крвничкиот град? Покажи му ги сите негови гнасности! 3 Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Граду што пролеваш толку крв во себе и што си градиш насекаде идоли за да се онечистиш, чукна твојот час: 4 ти згреши со крвта што ја пролеа, и ти се онечисти со идолите што ги направи, скратувајќи ги така своите денови и забрзувајќи ги своите години. И затоа сега ќе те направам срам меѓу народите, потсмев по сите земји. 5 И кои ти се близу и кои ти се далеку, ќе ти се потсмеваат тебе: ‘Онечистувајќи го твоето име, што се прочу со насилство!’ 6 Ете, Израелевите кнезови и - секој на своја рака - пролеваат крв во тебе. 7 И во тебе веќе не се почитуваат ни таткото ни мајката, ги угнетуваат придојдениците, ги злоставуваат во тебе сирачињата и вдовиците! 8 Ги презираш Моите светини, ги обесветуваш саботите. 9 Во тебе се клеветниците заради кои се пролева крвта; во тебе се јаде по горите, сред тебе се прават разврати. 10 Во тебе се открива татковиот срам, во тебе ги силуваат жените додека се нечисти. 11 Едниот прави гадост со жената на својот сосед, другиот со срамно дело ја обесчестува својата снаа, а третиот во тебе ја изнасилува сестрата, ќерката на својот татко. 12 Ги има кои примаат поткуп за да пролеат крв. Земаш заем и придобивка, ограбуваш насила од ближниот, а Мене Ме забораваш - говори Господ Бог. 13 Затоа еве, Јас плескам со рацете над пленот што ти го ограби и над крвта што се лее во тебе. 14 Зашто, дали твоето срце ќе издржи и дали твоите раце ќе одолеат во деновите кога Јас ќе станам против тебе? Јас, Господ, реков и ќе направам! 15 Затоа ќе те распрснам меѓу народите, ќе те расеам по земјите, за да ја отстранам од тебе сета нечистота! 16 И пак ќе бидеш Мое наследство пред очите на народите. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ!”‘“ 17 Ми дојде Господово слово: 18 ”Човечки сине, Израелевиот дом ми стана талог: бронза, калај, железо и олово во печка - сите тие се отпадок! 19 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи ми станавте талог, ќе ве соберам, еве, во Ерусалим. 20 Како што се собира среброто, бронзата, железото, оловото и калајот во печка, та наоколу се раздувува огнот, за да се растопи сè така и Јас ќе ве соберам во Својот гнев и во својата јарост, ќе ве сложам и ќе ве растопам. 21 Да, ќе ве соберам и ќе го раздувам околу вас огнот на Мојата јарост, за да се растопите сред градот. 22 Како што среброто се топи во печка, така и вие ќе се растопите во него. И ќе знаете дека Јас Сум Господ, Мојот гнев го излевам врз вас!’” 23 Ми дојде Господово слово: 24 ”Човечки сине, речи уште: ‘Ти си земја уште неочистена, која уште не ја изми дождот на гневниот ден!’ 25 Во нејзината средина има заклетви од пророци, како лавовите што рикаат и што го раскинуваат пленот, ги голтаат луѓето, им ги одземаат богатството и скапоценостите, множејќи ги вдовиците сред неа. 26 Нејзините свештеници не го почитуваат Мојот Закон и ги обесветуваат Моите светини, не разликувајќи го светото од несветото, не учејќи се да го разликуваат нечистото од чистото. Ги занемарија моите саботи, без чест Сум во нивната средина. 27 Нејзините старешини, како волците што го раскинуваат пленот и што пролеваат крв, ги упропастуваат луѓето, лакоми на добиток. 28 А нејзините пророци сето тоа го премачкуваат со белило и го покриваат со суетни виденија и со лажни пророкувања, велејќи: ‘Господ Бог зборува вака:’ а Господ не го рече тоа. 29 Народот на земјата пак прави секакви насилства и грабежи, ги угнетуваат сиромашниот и бедниот, а придојденикот го угнетуваат без право. 30 Барав меѓу нив некого за да ги подигне ѕидовите и за да застане на пробоите пред Мене во одбрана на земјата, за да не ја сотрам, и не најдов никого. 31 И затоа го излеав Својот гнев врз нив па ги сотрев со огнот на Својата јарост; нивните патишта им ги оборив врз главата - говори Господ Бог.”
1 Ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, си биле две жени, ќерки на една мајка. 3 И му се оддадоа на блудството во Египет, блудствуваа во младост: таму им ги стискаа градите, им ги гнечеа девојчинските дојки. 4 На постарата името и беше Ола, (нејзиниот шатор) а на сестра и Олива (мојот шатор во неа), двете станаа Мои и Ми родија синови и ќерки. Еве им ги имињата: Самарија е Ола, Ерусалим Олива. 5 Ола, иако Ми припаѓаше Мене, му се предаде иа блудството; се распали по љубовниците, за Асирците, за своите соседи, 6 облечени во сино кадифе, сè сами кнезови и намесници, убави момчиња, вешти коњаници. 7 И му се предаде на блудство со нив, сè одбор асирски синови; и пламнувајќи по нив, се онечисти со сите нивни идоли. 8 А не се откажа ни од блудството со Египетците, кои што лежеа со неа од нејзината младост, кои што и ги гнечеа моминските дојки и на неа го излеваа својот блуд. 9 И затоа ја предадов во рацете на нејзините љубовници, во рацете на Асирците по кои се распалила. 10 И тие ја разголија и и ги пленија синовите и ќерките, а самата неа ја погубија со меч. И така им стана пример на сите жени, бидејќи судот беше извршен над неа. 11 Сестра и Олива го виде тоа, ама се распали уште полошо, и правеше полошо блудство. 12 Се распалуваше по асирските синови, се сами кнезови и намесници, по своите соседи, облечени раскошно, вешти коњаници, одбор момчиња. 13 И видов како се онечисти: обете тргнаа по ист пат. 14 Но оваа му се предаде уште полошо на блудство: кога би видела маж насликан на ѕид, ликовите на Халдејците нацртани со црвенило, 15 со бедра препашани со појас, со спуштени превези на главите - сè јунаци, вистински Вавилонци, родум од Халдејската Земја - 16 туку што би ја здогледала нивната прилика, сета би се распалила по нив та им испраќаше пратеници во Халдејската Земја, 17 Вавилонските синови дотрчуваа при неа на љубовната постела, за да ја онечистат со блуд. А кога ќе се извалкаше со нив, и се згадуваа. 18 Но се разгласи нејзиното блудствување, се откри нејзината голота и Мојата душа се одврати од неа, како што се беше одвратила од нејзината сестра. 19 Зашто таа му се предаде на уште полошо блудство, спомнувајќи си за деновите на својата младост кога му се предаваше на блудството во Египет, 20 распалувајќи се по развратниците, на кои машката снага им беше како на магаре, а изливот како кај коњите. 21 Така пак му се врати на срамот на својата младост, кога во Египет и ги притискаа градите кога и ги гнечеа моминските дојки. 22 Затоа Оливо Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе ги подигнам против тебе твоите љубовници, кои и се згадија на твојата душа, и ќе ги доведам отсекаде против тебе: 23 Вавилонците, сите Халдејци, Фекоѓанците, Соанците и Коанците, а со нив сите асирски синови - сè одбор момчиња, кнезови и заменици, јунаци на глас, вешти коњаници. 24 И ќе дојдат против тебе од север многубројни коњи и коли со мноштво народи и ќе се наредат отсекаде против тебе со штитови, со кациги и со оклопи. Ним ќе те предадам на суд, и со свој суд ќе ти судат. 25 Ќе ја оборам врз тебе сета своја ревност, нека постапат јаросно со тебе; нека ти ги отсечат носот и ушите, а твојот остаток нека падне од меч; да ти ги одведат синовите и ќерките, а твојот остаток огнот нека го проголта. 26 И ќе ги скинат од тебе твоите облеки и ќе ти ги ограбат сите твои накити. 27 Така ќе ги докрајчам сиот твој срам и блудничењето, сè таму од Египет: не ќе ги подигаш веќе очите кон нив и не ќе си спомнуваш веќе за Египет!’ 28 Зашто, Господ Бог зборува вака: ‘Еве ме! Ќе те предадам во рацете на оние кои што ти ги замрази, кои и се згадија на твојата душа. 29 Нека ја излеат врз тебе својата омраза, нека ти ја преземат сета мака, а тебе нека те остават гола и разголена! Нека се открие сета голота на твоето блудство и на бесрамноста, на твоето блудствување. 30 Сè тоа ќе те стигне заради твоето блудствување со народите и дека си се онечистила со нивните идоли. 31 Одеше по патот на својата сестра: ќе ти ја дадам нејзината чаша во раката.’ 32 Господ Бог зборува вака: ‘Ќе ја испиеш чашата на својата сестра, длабока и широка чаша, и ќе бидеш за потсмев и за презир, зашто нејзината содржина е голема. 33 Ќе се наполниш со пијанство и со жалост! Таа е чаша на запустување, на ужас - чашата на твојата сестра, Самарија. 34 Ќе ја пиеш, ќе ја испразниш до дното, потоа ќе ја скршиш во делови, ќе ги раскинеш своите гради. Зашто, Јас реков така,’ говори Господ Бог! 35 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Зашто ти Ме заборави Мене и Ми ги сврти плеќите, поднесувај ги сега сиот свој срам и блудство!’” 36 И уште ми рече Господ: „Човечки сине, сакаш ли да им судиш на Ола и Олива, да им ги покажеш нивните гадости? 37 Направија прељуба, рацете им се окрвавени, направија прељуба со своите идоли, децата што ми ги народија ги поминаа низ оган, за да ги проголта. 38 Уште ми го направија и ова: во оној ден го обесчестија Моето Светилиште и ги обесветија Моите саботи. 39 Зашто во истиот ден кога своите деца им ги заклаа на идолите, дојдоа во Моето Светилиште за да го онечистат. Ете, така направија сред Мојот Дом. 40 Па испраќаа по машки оддалеку и тие им се стрчуваа штом гласниците ќе стигнеа кај нив. А ти се капеше за нив, ги мачкаше своите очи и се китеше со накит. 41 А потоа седнуваше на раскошна постела, пред која беше послан стол, на кој ги ставуваше Мојот темјан и Моето масло. 42 Тука се слушаше подвикнувањето на веселото друштво заради големото мноштво доведено од сите страни на пустината; им ставаа на жените нараквици на рацете и прекрасни венци на главите. 43 И реков: ‘Со жена потоната во прељуба уште тераат блудство, и таа самата уште му се предава на блудот!’ 44 & приоѓаат како на некаква блудница! Да, им приоѓаат на Ола и Олива, на развратничките. 45 Затоа праведниците ќе им судат, како што им се суди на прељубниците и на оние кои пролеваат крв, зашто тие се прељубнички, рацете им се окрвавени. 46 Зашто вака зборува Господ Бог: ‘Нека се свика собир против нив, за да ги подложам на измачување и на грабеж. 47 Собирот нека ги каменува и нека ги насече со мечеви; нека им ги исколе синовите и ќерките; а домовите нека им ги изгорат со оган. 48 Така ќе ставам крај на развратот на оваа земја, за да се опоменат другите жени да не ги прават вашите срамни дела. 49 А врз вас ќе го возложам сиот ваш разврат и ќе понесете казна за идолопоклонството. И ќе знаете дека Јас Сум Господ Бог.’”
1 Во деветтата година, во десетиот месец, во десетиот ден, ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, запиши го овој ден: токму денес вавилонскиот цар го опсадува Ерусалим. 3 Раскажи му приказна на одметничкиот дом. Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Стави котел, стави, и налеј вода во него! 4 Фрли делови во него; сè најдобри делови месо, бедро и плеќи! Наполни го со најдобри коски! 5 Земи го најдоброто од стадото. Запали оган под котелот, нека зоврие добро, нека се сварат во него и коските.” 6 Зашто Господ Бог зборува вака: „Тешко му на крвничкиот град, за’рѓан котел, од кого не се симнува рѓата! А потоа вади од него дел по дел, но не фрлај жрепка за него! 7 Зашто неговата крв е во него - остави ја на гол камен, не разлевај ја по земјата каде што правот би можел да ја покрие! 8 За да се распали Мојот гнев, за да му се одмаздам, ја оставив неговата крв на гол камен за да не се покрие.” 9 Затоа Господ Бог зборува вака: „Горко му на крвничкиот град, зашто ќе запалам голема клада! 10 Собери дрва, потпали оган, свари месо, замешај зачини, нека изгорат и коските! 11 А потоа стави го празен врз жарта за да се нажеже котелот и за да се растопи сета негова нечистота, за да се уништи ‘рѓата врз него! 12 Трудот ќе биде тежок! Но големата ‘рѓа не може да се симне од него: му одолеа и на огнот. 13 Срамен е твојот грев, ама ни ти не сакаше да се очистиш од гревот; и затоа веќе не ќе се очистиш додека не го излеам врз тебе Својот гнев! 14 Јас, Господ реков! И ќе го исполнам зборот; нема да сменам: И нема да се поштедам, ниту ќе се помилувам! Ќе те судам според твоите патишта и дела - говори Господ Бог.’” 15 И ми дојде Господово слово: 16 ”Човечки сине, еве, ќе ти ја одземам со ненадејна смрт желбата на твоите очи! Не тагувај, не плачи и не рони солзи! 17 Липај тивко, но не жали како што се жали за мртвите! И завиткај повез околу главата, а обуј обувки на нозете. Не покривај ја брадата и не јади погачи за жалост.” 18 Така му пророкував на народот, а навечер ми умре жената, та утреден направив како што ми беше заповедано. 19 На тоа народот ме праша: „Не ќе ни кажеш ли што значи за нас тоа што го правиш?” 20 Јас им одговорив: „Ми дојде Господово слово: 21 ’Кажи му на Израелевиот дом: „Господ Бог зборува вака: Еве, ќе го предадам на онечистување Моето Светилиште, гордоста на вашата сила радоста на вашите очи и копнежот на вашата душа! И синовите и ќерките што ги оставивте, ќе паднат од меч. 22 Тогаш ќе направите како што направив и Јас: не ќе ги покривате брадите и не ќе јадете погачи за жалост! 23 Ќе завиткате повез околу главата и ќе обуете обувки на нозете! И не ќе тажете веќе и не ќе плачете, туку ќе пропаѓате заради своите гревови и ќе липате еден пред друг! 24 А Езекиел ќе ви биде знак, ќе направите сè што направи тој. Кога ќе се збидне тоа, ќе сознаете дека Јас Сум Господ!’” 25 А ти, човечки сине, навистина во денот кога ќе им ја одземам силата на нивната славна радост, татковската им радост, сласта на нивната душа, нивните синови и ќерки - 26 во тој ден кај тебе ќе стигне бегалец за да ти соопшти тоа! 27 Во тој ден ќе се отвори твојата уста, и ти ќе му проговориш на тој бегалец; не ќе бидеш веќе нем. И така ќе им бидеш знак. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ!’”
1 И ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, сврти го своето лице кон Амоновите синови та пророкувај против нив! 3 Речи им на Амоновите синови: ‘Послушајте го словото на Господ Бог! Господ Бог зборува вака: „Затоа што вие воскликнувавте: ‘ха, ха’ над Моето Светилиште, кога тоа беше обесветено, и над Израелевата Земја, кога таа беше запустена, и над Јудиниот дом, кога заминуваше во ропство, 4 еве, ќе ве предадам, во сопственост на синовите на Исток, за да ги оптегнат среде вас нивните шатори; за да ги постават своите живеалишта. Тие нека ги јадат твоите плодови и нека го пијат твоето млеко; 5 ќе направам од Рава пасишта за камили а од Амоновите синови - овчари. И ќе знаете дека Јас Сум Господ.” 6 Зашто Господ Бог зборува вака: „Бидејќи си плеснал со раце и си удрил со нога, така што си се зарадувал со презир во своето срце за Израелевата Земја; 7 еве, затоа, Јас ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те предадам на разграбување од народите, и ќе те отсечам од племињата, ќе те истребам од земјите; ќе те уништам, и ќе познаеш дека Јас Сум Господ.” 8 Господ Бог зборува вака: „Затоа што Моав и Сир зборуваа: ‘Ете, Јудиниот дом е како на сите народи,’ 9 еве, ќе ги откријам моавските стрмнини, за да останат од крајот до крајот без градови, што и беа украс на земјата: Вет-Есимот, Вал-Меон и Киријатаим. 10 Ќе им ги дадам во сопственост на синовите на Исток, на непријателите на Амонците, за да не се спомнуваат веќе Амоновите синови меѓу народите! 11 Така ќе го извршам судот над Моав. И ќе знаат дека Јас Сум Господ!” 12 Господ Бог зборува вака: „Затоа што Едом му се одмазди на Јудиниот дом, и тешко згреши со таа одмазда, 13 Господ Бог зборува вака: ‘Ќе ја кренам раката против Едом, ќе ги истребам меѓу него и луѓето и животните! Ќе го претворам во пустина: од Теман до Тедан сите ќе изгинат од меч. 14 Така ќе му се одмаздам на Едом со раката на својот Израелев народ. Тие ќе постапат со Едом според Мојот гнев и Мојата расрденост. И ќе ја сознаат Мојата одмазда!’ говори Господ Бог.” 15 Господ Бог зборува вака: „Затоа што Филистејците извршија одмазда, одмаздувајќи се крваво со омраза во срцето, разурнувајќи сè заради своето непријателство, 16 Господ Бог зборува вака: ‘Еве, ја кревам раката против Филистејците, ќе ги истребам Херетејците, ќе уништам сè што ќе остане на морскиот брег! 17 Така ќе им се одмаздам страшно со жестоки казни. И кога ќе им се одмаздам, ќе знаат дека Сум Јас Господ.”‘“
1 Во единаесеттата година, во првиот ден на месецот, ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, зашто Тир воскликнуваше над Ерусалим: ‘Ха, ха! се скршија тие врати на народите, и се свртија кон Мене; ќе се збогатам: тој е запустен’ - 3 затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме Тире, против тебе, ќе подигнам против тебе силни народи, како што морето ги подига брановите! 4 Ќе ги разурнам тирските ѕидови, и ќе ги разурнат сите негови стражарници. А Јас ќе му ја изметам и правта, ќе направам од него гладок камен! 5 Ќе биде сушилница за мрежи. Зашто Јас реков - зборува Господ Бог. И ќе им стане плен на народите. 6 А сите негови ќерки ќе паднат од меч во полето! Ќе знаат дека Јас Сум Господ!’ 7 Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе го доведам против Тир од север Навуходоносор, вавилонскиот цар, царот над царевите, со коњи и со бојни коли, со коњаници, со чети и со мноштво народ. 8 Твоите ќерки ќе ги исечат со меч во полето! Ќе подигнат опсадни стражарници против тебе, ќе насипат насипи против тебе, и ќе подигнат штитови против тебе. 9 Против твоите ѕидови ќе ги насочат ѕидокршачите, и твоите стражарници ќе ги оборат со куки! 10 Од неговите безбројни коњи сиот ќе те покрие прав, а од шумот на коњаниците и тркалата и на нивните бојни коли ќе се затресат твоите ѕидови, кога ќе поминуваат низ твојата врата, како што поминува низ освоен град. 11 Со копитата на своите коњи ќе ти ги изгазат сите улици; ќе го истепаат твојот народ со меч, и ќе ги срушат твоите столбови. 12 Ќе го ограбат твоето богатство, ќе го разграбат твоето благо! Ќе ги разурнат твоите ѕидови, и ќе ги срушат твоите прекрасни куќи! Камењата, дрвото, твојот прав ќе ги фрлат во морето! 13 А Јас ќе го прекратам шумот на твоите песни, и веќе нема да се чуе звукот на твоите харфи! 14 Ќе те претворам во гладок камен, ќе станеш сушилница за мрежи. Веќе никогаш нема да се подигнеш, зашто Јас, Господ, реков!’ - говори Господ Бог. 15 Вака му зборува Господ Бог на Тир: ‘А нема ли од трескањето на твоето паѓање и од офкањето на твоите ранети, кога ќе настане немил колеж во тебе - да се стресат сите острови? 16 И нема ли тогаш сите кнезови на морето да слезат од своите престоли, да ги отфрлат своите наметки, и да ги симнат везените облеки, за да се облечат во страв, за да седнат на земја, треперејќи непрекратно ужаснати од твојата несреќа? 17 А потоа ќе затажат над тебе и ќе ти речат: „Како пропадна, како те снема од море, прославен граду, што беше толку силен на морето, ти и твоите жители, што и задаваа страв на целата земја? 18 Сега на денот на твојата пропаст островите ќе се стресат, островите на морето ќе се исплашат заради твојата пропаст!”‘ 19 Зашто Господ зборува вака: ‘Кога ќе те претворам во пуст град, какви што се градовите во кои што веќе никој не престојува, и кога ќе доведам против тебе бездни, за да те покријат големи води, 20 ќе те спуштам со оние кои што слегоа во јама кон предамнешен народ, и ќе те сместам во најдолните краеви на земјата, во вечни пустини, со оние што слегоа во јамата, за да не се вратиш веќе во земјата на живите. 21 Ќе те претворам во ужас, и веќе не ќе те биде, ќе те бараат, но веќе никогаш не ќе те најдат!’ - говори Господ Бог.
1 И ми дојде Господово слово: 2 ”А ти, човечки сине, почни со тажачка за Тир 3 и речи му на Тир што лежи при влезот во морето и тргува со народите на безбројните острови: Господ Бог зборува вака: ‘Тиру што зборуваше: „Јас сум прекрасен, со вонредна убавина.” 4 Твоите меѓи достигаат длабоко во морето, твоите градители те направија убав беспримерно. 5 Од сенирските чемпреси ти изградија даски, зедоа ливански кедар, ти подигнаа јарболи; 6 од васанските дабови ти изделкаа весла, од слоновата коска и од буковото дрво од Китимските Острови, ти ги направија седиштата! 7 Од везениот египетски лен ти беа едрата, за да ти бидат знаме! А синото и пурпурното од Елиските Острови ти ги ставија за покриви. 8 Жителите на Сидон и Арвад ти беа веслачи, а твоите мудреци, Тиру, ти беа кормилари! 9 Гевалските старешини и вештаци ги поправуваа твоите расипани нешта. Сите морски бродови и морнари беа твои и тргуваа со тебе! 10 Персијанците, Лудејците и Путејците беа војници во твојата војска, во тебе ги обесуваа штитовите и кацигите; тие ти даваа блесок. 11 Арвадските синови со војниците на ѕидовите твои наоколу, ти ги чуваа стражарниците. На ѕидовите наоколу ги бесеа штитовите за да ја возвеличат твојата единствена убавина! 12 Заради твоето големо богатство дури и Тарсис тргуваше со тебе плаќајќи го со сребро и железо, со олово и со калај твоето производство. 13 Јаван и Тувал и Месех тргуваа со тебе: даваа човечки души и бронзени садови за твоите стоки. 14 Оние од Вет-Тогарма даваа коњи, тркачки коњи и мазги. 15 И Дедановите синови тргуваа со тебе. Многу острови ти беа подложени: ти плаќаа данок во слонова коска и во абаносово дрво. 16 Заради изобилството на твојата стока Едом тргуваше со тебе, ти даваа за стоките антракси отворено - порфир и везено, корали и рубини; 17 и Јудеја и Израелевата Земја тргуваа со тебе со минитско жито, со восок со мед, со масло и со мирислива смола, за лек ги плаќаа твоите стоки! 18 Заради изобилството на твојата трговија, заради твоето големо благо, и Дамаск тргуваше со тебе со хелвонско вино и со бела волна. 19 И Дан и Јаван од Узел за твојата трговија менуваа прекалено железо, цимет и слатка трска. 20 Дедан тргуваше со тебе со покривки за коли. 21 Арабјаните и кидарските кнезови вршеа размена со тебе и за тргувањето ти плаќаа со јагниња, јарци и со овни. 22 Трговците од Сава и од Рама тргуваа со тебе, за тргувањето ти даваа најдобрите бесценети камења и злато. 23 Харан, Кана и Еден, трговците на Сава, Асирија и Хилмад тргуваа со тебе. Менуваа за твоите стоки 24 скапоцени облеки, отворено црвени и везени наметки, шарени ткаенини и цврсто плетени јажиња. 25 Натоварените тарсиски бродови ја превезуваа твојата роба! Беше полн и многу славен во срцето на морето. 26 На отворено море, на многу мориња те изведоа веслачите. Источниот ветер те разби на морската широчина! 27 Твоето благо и твоето тргување, твоите ракотворби, твоите бродари и твоите кормилари, поправувачи на пукнатините, менувачите на твоето тргување, сите војници на тебе и сето мноштво сред тебе, ќе потонат на морското дно на денот на твојот бродолом! 28 На повикот за помош на твоите кормилари ќе се стресат бреговите. 29 И ќе слезат од своите бродови сите веслачи, сите бродари и сите кормилари и ќе останат на копно. 30 По тебе ќе тажат гласно и ќе стенкаат горчливо. Ќе ги посипуваат со пепел главите и ќе се прпелкаат во прав; 31 И заради тебе ќе ги избричат главите, ќе се препашат со вреќиште, со јадосана душа ќе тажат по тебе и ќе заплачат горчливо. 32 Во тага ќе ти ја запеат тажачката, над тебе ќе тажат: „Кој град беше горделив како Тир сред морето?” 33 Зашто кога тој би го растоварил благото многу народи би ги наситил со тоа! Со изобилството на богатствата и со трговијата би усреќил многу земни цареви. 34 А ете, сега, морските бранови те здробија, потона во морските длабочини! Твоето богатство и сета посада потонаа со тебе. 35 Сите островски жители заради тебе се исплашија. Нивните цареви се наежија, главите ги наведнаа морално скршени. 36 Трговците на народите свиреа со уста по тебе, зашто ти стана страшило и те снема засекогаш!’”
1 И ми дојде Господово слово: 2 „Човечки сине, кажи му на тирскиот кнез: ‘Господ Бог зборува вака: „Твоето срце се возгордеа, ти рече: ‘Јас сум Бог! Седам на Божјиот престол во срцето на морето’ Иако си човек, а не Бог, ти го изедначи твоето срце со Божјото. 3 Ете, беше помудар од Даниел, ниедна тајна не ти беше скриена! 4 Со својата мудрост и разум насобра богатства, ја наполни ризницата со сребро и злато! 5 Со твојата голема мудрост со посредство на твојата трговија го умножи твоето богатство! Но твоето срце се возгордеа од богатството.” 6 Затоа Господ Бог зборува вака: „Зашто своето срце го изедначи со Божјото, 7 еве, ќе доведам против тебе туѓинци, најнасилни меѓу народите. Ќе ги извлечат мечевите против твојата прекрасна мудрост, и ќе ти ја помрачат убавината, 8 ќе те фрлат во јама за да умреш со насилна смрт од оние што умираат на морската широчина! 9 Ќе речеш ли тогаш пред крвникот: ‘Јас сум Бог’? Човек си, а не Бог во рацете на своите убијци. 10 Ќе умреш со смртта на необрезаните од туѓинска рака! Зашто Јас, Господ го реков тоа - говори Господ Бог.’” 11 И ми дојде Господово слово: 12 ”Човечки сине, залелекај тажачка над тирскиот цар. Речи му: ‘Господ Бог зборува вака: „Ете, ти беше примерок на совршенство, полн со мудрост и чудесно убав! 13 Во Едом во Божјата градина, живееше ти, твоето облекло беше украсено со секаков сард, топаз и дијамант, хрисолит, оникс и јаспис, сафир, смарагд и злато. Беа направени тапани и кавали, на денот на твоето раѓање беа подготвени. 14 Те поставив како раскрилен херув, заштитник: беше на светата Божја Гора, одеше сред огнено камење. 15 Совршен беше по своите патишта од денот на своето создавање додека не ти се зачна беззаконие во срцето. 16 Тргувајќи изобилно се наполни со насилство и згреши. Така те отфрлив од Божјата Гора, те истргав, херуву заштитнику, од средината на огнените камења. 17 Срцето ти се возгордеа заради твојата убавина, ја занемари својата мудрост, заради своето богатство! Те фрлив на земја и те предадов на земните цареви за да те гледаат презирно. 18 Со мноштвото на своето беззаконие, со нечесно тргување, ги обесвети своите светилишта! Пуштив оган сред тебе за да те проголта. Те претворив во пепел на земјата пред очите на оние што те набљудуваат. 19 Сите кои те познаваат меѓу народите, се згрозија над тебе! Зашто ти стана страшило, те снема засекогаш!”‘“ 20 И ми дојде Господово слово: 21 ”Човечки сине, сврти го лицето кон Сидон, пророкувај против него. 22 Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, Сидону, против тебе, ќе се прославам сред тебе! И ќе се знае дека Јас Сум Господ, кога ќе го извршам судот над нив, и кога ќе ја покажам Мојата светост во него. 23 И ќе го испратам поморот против него и крв по неговите улици; и мртви ќе паѓаат сред него од меч што ти се заканува отсекаде, и тогаш ќе се знае дека Јас Сум Господ. 24 И веќе не ќе има за Израелевиот дом трн што ранува ниту осило што раскинува меѓу сите наоколу што го презираат! И ќе се знае дека Јас Сум Господ Бог!” 25 Господ Бог зборува вака: „А кога ќе го соберам сиот Израелев дом од народите низ кои се распрснати, ќе ја пројавам во нив Мојата светост пред очите на народите. И ќе се настанат во својата земја, што му ја дадов на Мојот слуга Јаков. 26 И ќе живеат на мир во неа, ќе градат домови и ќе садат лозја. Ќе живеат во безопасност, додека не го извршам Мојот суд над сите кои што ги презираа наоколу. Ќе знаат дека Јас Сум Господ нивен Бог.”‘“
1 Во десеттата година, во десеттиот месец, на дванаесеттиот ден, ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон фараонот, египетскиот цар, и пророкувај против него и против сиот Египет. 3 Зборувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме, против тебе, фараону, египетски цару, голем крокодилу што лежиш сред своите реки. Ти рече: ‘Реките се мои, си ги направив за себе.’ 4 И затоа ќе ти закачам јадица во вилицата и ќе ги залепам сите риби на твоите реки врз твоите стргунки. Ќе те извлечам од твоите реки, со сите риби на твоите реки, залепени врз твоите стргунки. 5 Ќе ве фрлам во пустината тебе и сите риби од твоите реки, ќе паднеш на отворено поле и никој не ќе те подигне, ниту ќе те погребе, на земските ѕверови и на небесните птици ќе те дадам за храна! 6 И ќе знаат сите жители на Египет дека Јас Сум Господ. Зашто ти беше трска за потпирач на Израелевиот дом! 7 Кога те фатија во рака, ти се скрши и им го прободе рамото; а кога се потпреа врз тебе ти пукна и им ги рани сите бедра.” 8 Затоа Господ Бог зборува вака: „Ете, ќе го доведам Својот меч против тебе, ќе ги истребам од тебе и луѓето и животните! 9 Сета Египетска Земја ќе биде пустина и урнатина, и тие ќе знаат дека Јас Сум Господ. Зашто ти рече: ‘Реката е моја, си ја направив за себе.’ 10 Затоа, еве Ме против тебе и против твоите реки, за да ја претворам Египетската Земја во пустина и запустеност од Мигдол до Севан и до етиопската граница! 11 Низ неа не ќе врви веќе човечка нога ни животинска нога, ќе остане ненаселена четириесет години. 12 Ќе направам пустина од Египетската Земја сред запустените земји, а нејзините градови ќе бидат урнатини четириесет години меѓу разурнатите градови. И ќе ги распрснам Египетците меѓу народите, и ќе ги расеам по земјите.” 13 Зашто, Господ Бог зборува вака: „Кога ќе поминат четириесет години, ќе ги соберам пак сите Египетци од народите каде што беа распрснати. 14 Ќе ги вратам египетските заробеници, ќе ги вратам пак во земјата Патрос, нивната родина, за да основат таму слабо царство. 15 Тоа ќе биде најмало од сите царства, за да не се издигне никогаш веќе над другите народи. Ќе го намалам така, што веќе никогаш нема да покори други народи, 16 и да не биде веќе надеж на Израелевиот дом. Нека му ги повикува во паметта гревовите што ги беше направил, свртувајќи се по нив. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ.”‘“ 17 Во дваесет и седмата година, во првиот ден на првиот месец, ми дојде Господово слово: 18 ”Човечки сине, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со војската во голем поход против градот Тир. И секоја глава се разголе и секое рамо се одра. Но ни тој ни неговата војска немаа никаква добивка од тоа што тргнаа против Тир. 19 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе му ја предадам на Навуходоносор, вавилонскиот цар Египетската Земја, ќе и го одземе богатството, ќе награба плен и ќе ја ограби. Тоа ќе биде плата за неговата војска. 20 За трудот што тргна против Тир ќе му ја дадам сета Египетска Земја, зашто работеше за Мене - говори Господ Бог. 21 Во оној ден ќе направам да му порасте рог на Израелевиот дом, а тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’”
1 И ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Ридајте: ‘О несреќен ден!’ 3 Зашто денот наближува, наближува Господовиот ден! Ден облачен, време одредено за народите. 4 И меч ќе влезе во Египет а стравот ќе ја опфати Етиопија, кога ќе почнат мртвите да паѓаат по Египет и кога ќе биде ограбено неговото богатство та кога ќе му ги срушат сите основи. 5 Етиопија, Пут и Луд сета Арабија и Хув (Либија) и синовите на земјата на Сојузот заедно ќе загинат од меч!” 6 Господ Бог зборува вака: „Ќе паднат оние кои го потпираат Египет, и ќе се сурне гордоста на неговата сила од Мигдол до Син, сè во него ќе падне од меч - говори Господ Бог. 7 Тој ќе биде пустина меѓу запустените земји, а неговите градови урнатини меѓу разурнатите градови. 8 И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе го запалам Мојот оган во Египет и кога ќе ги сотрам сите негови помошници. 9 Во оној ден ќе испловат гласници од Мене за да ја застрашат безгрижната Етиопија. И стравот ќе ја зафати во египетскиот ден. Зашто, еве наближува!” 10 Господ Бог зборува вака: „Ќе го уништам египетското мноштво со раката на Навуходоносор, вавилонскиот цар! 11 Тој и неговиот народ со него - најсвиреп меѓу народите - ќе бидат доведени за да ја сотрат земјата. И тие ќе извлечат меч против Египет и сета земја ќе му ја исполнат со трупови. 12 А Јас ќе ги пресушам реките и ќе ја предадам земјата во рацете на силниците, ќе ја запустам земјата и што е во неа, со раката на туѓинците. Јас Господ реков!” 13 Господ Бог зборува вака: „Ќе ги разурнам идолите и ќе ги истребам лажните богови во Мемфис, и не ќе има веќе кнезови во Египетската Земја. 14 Ќе го запустам Патрос, ќе го запалам Соан, ќе извршам суд врз тебе. 15 Ќе излеам гнев над Син, египетската тврдина, ќе истребам мноштво во Нов. 16 Ќе запалам оган под Египет: Син ќе се стресе од ужас, Нов ќе биде освоен, а Мемфис во тешкотија ден по ден. 17 Младите на Хелиопол и на Пи-Весет ќе паднат од меч. А тие ќе бидат одведени во ропство! 18 Над Тафнис ќе се стемни денот кога ќе го скршам таму египетскиот јарем, и кога ќе се докрајчи гордоста на силата во него! Облак ќе се наднесе над него, и неговите ќерки ќе бидат одведени во ропство! 19 Така ќе го извршам судот над Египет, и ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“ 20 Во единаесетата година, во првиот месец, на седмиот ден, ми дојде Господовото слово: 21 ”Човечки сине, ете, ја скршив мишката на фараонот, египетскиот цар! И еве, не ја ни завиткаа: не ставија лекови ниту ја преврзаа со завои за да ја закрепат, како би можела пак да има сила да прифати меч. 22 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме против фараонот, египетскиот цар, за да му ги скршам обете раце, и здравата и скршената, и за да му го исфрлам мечот од раката! 23 Ќе ги разгонам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите! 24 Ќе му ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар и ќе го ставам Својот меч во неговата рака; а на фараонот ќе му ги скршам рацете, та ќе офка пред непријателот како ранет. 25 Да, ќе му ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар, а фараоновите раце ќе се истоштат. И ќе знае дека Јас Сум Господ, кога ќе го ставам Мојот меч во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го размавта над Египетската Земја. 26 Ќе ги распрснам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’”
1 Во единаесеттата година, во третиот месец, во првиот ден, ми дојде Господво слово: 2 ”Човечки сине, кажи му на фараонот египетскиот цар, и на неговиот народ: ‘На кого личиш со својата величина? 3 Еве, ќе те споредам со либански кедар, со убави гранки, со густи лисја и со високо стебло, врвот му стига до облаците. 4 Водата го отхрани и ја возвиши бездната; со своите реки му ги вадеше насадите, своите потоци ги испраќаше кон сите полски дрва. 5 И затоа тој со раст ги надвиши сите полски дрва. Гранките му се намножија, гранчињата му се разгранчија, од изобилната вода што дотечуваше до него; 6 небесните птици на неговите гранки виткаа гнезда. Под неговите гранки се раѓаа полските животни. А во неговата сенка седеа сите големи народи. 7 Тој беше убав со величината, и со широчината на своите гранки; жилите му стигаа до длабоките води! 8 Не му беа рамни ни кедровите во Божјата Градина, ни чемпресите не можеа да се споредат со неговите гранки, а јаворите не беа ни како неговите гранчиња! Ниедно стебло во Божјата Градина не му беше рамно по убавина. 9 Го украсив со мноштво гранки, и му завидуваа сите еденски дрва во Божјата Градина.’ 10 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи се воздигна на високо и нарасна врвот меѓу густите гранки, и од височината му се занесе срцето, 11 затоа го предадов во рацете на најмоќниот од сите народи за да направи со него според неговото беззаконие, и го отфрлив. 12 Туѓинците, најжестоки од народите, го пресекоа и ги оборија гранките, му паѓаа по горите и по сите долини, гранките му се скршија по сите котлини, сите народи се оддалечија од неговата ладовина, го оставија! 13 Сите небесни птици слетаа на неговото оборено стебло! Сите полски животни се настанија меѓу неговите гранки! 14 За да не се возвиши веќе со својот раст ниедно дрво покрај вода, и за да не го издигне својот врв до облаците! И за да ниедно дрво, што пие вода, не се надева во својата височина! Зашто сите и се предадени на смртта, фрлени во подземните краишта, сред човечките синови, со оние што слегуваат во јамата!’ 15 Господ Бог зборува вака: ‘Во денот кога тој ќе слезе во Подземјето, во знак на жалост, ја затворив над него бездната и ги запрев неговите реки. И големите води пресушија, та сиот Ливан го замрачи по него и сите полски дрва се осушија заради него! 16 Со трескавицата од неговото паѓање ги стресов народите кога го фрлив главечки во Подземјето, со оние што слегоа во јамата! И во подземниот крај се утешија сите еденски дрва, најизбраните и најубавите во Ливан, сите што ја пиеја водата. 17 И тоа, неговата мишка, и тие меѓу народите кои седеа во неговата ладовина, слегоа со него во Подземјето кон оние што беа прободени со меч. 18 И така, на кого, од еденските дрва, личиш со својата сила, со славата и со величината? А сега со нив си оборен во подземниот крај, и лежиш со необрезаните меѓу оние што беа прободени со меч. Тоа се фараонот и сето негово мноштво - говори Господ Бог.”
1 Во дванаесеттата година, во дванаесеттиот месец, во првиот ден, ми дојде Господовото слово: 2 ”Човечки сине, заплачи над фараонот, египетскиот цар, и кажи му: ‘Лавче на народите, пропадна! Ти беше како крокодил во водата, шумеше во твоите реки; ја матеше водата со нозете, и ги надигаше брановите!’ 3 Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе распнам мрежа над тебе со собир на многу народи: тие ќе те извлечат во Мојата мрежа. 4 Ќе те оставам на земјата, ќе удрам со тебе по почвата; ќе ги пуштам на тебе сите небесни птици и ќе ги нахранам земните ѕверови со тебе! 5 Ќе ти го расфрлам месото по горите, ќе ги покријам долините со твојата мрша. 6 Со тоа што ќе истече од тебе ќе ја напојам земјата; со твојата крв по горите и со неа ќе ги наполнам речните корита. 7 А кога ќе те угаснам, ќе ги смрачам небесата и ќе ги згаснам ѕвездите на нив! Со облак ќе го покријам сонцето и месечината не ќе свети со светлина. 8 Заради тебе ќе ги угаснам сите светилки на небото; и ќе распрострам мрак над земјата!’ говори Господ Бог! 9 ’Ќе ги смутам срцата на многу народи кога ќе ги одведам твоите заточеници во земја што ти е непозната. 10 Стравот ќе опфати многу народи, а нивните цареви ќе се ужаснат над тебе пред нивни очи. И во денот на твоето паѓање секој ќе трепери непрекратно за својот живот.’ 11 Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Мечот на вавилонскиот цар ќе се спушти врз тебе. 12 Твоите множества ќе ги погубам со мечевите на јунаците, на најлутиот од сите народи, ќе ја уништи гордоста на Египет и ќе го сотре сето негово множество. 13 Ќе го уништам сиот негов добиток покрај изобилните води и човечката нога веќе не ќе ги гази, ниту животинско копито ќе ги мати. 14 Тогаш пак ќе им ги стивнам водите и ќе направам реките да им течат како масло - говори Господ Бог. 15 Кога ќе ја направам пустина Египетската Земја, кога ќе биде ограбено што е во неа; кога ќе ги поразам сите нејзини жители, ќе знаат дека Јас Сум Господ. 16 Тоа е тажачка што ќе се тажи. Ќе ја тажат над Египет и над сето негово множество - говори Господ Господ.” 17 Во дванаесеттата година, во првиот месец, во петнаесеттиот ден, ми дојде Господовото слово: 18 ”Човечки сине, тажи по египетското множество, турни го, него и ќерките на славните народи, во подземниот крај, како оние што слегоа во јамата. 19 Од кого си поубав? Слези и почини со необрезаните. 20 Тие ќе паднат меѓу оние кои мечот ги покоси; на меч се предадоа, ќе добијат легло со сето множество. 21 Најхрабрите јунаци ќе му зборуваат од срцето на гробот: ‘Ти и твоите помошници, слезете и починете со необрезаните, покосени од меч!’ 22 Таму е Асирецот и сето негово мноштво околу неговиот гроб, сите истепани, покосени со меч. 23 Гробовите им лежат на дното на јамата, и сиот негов куп е околу неговиот гроб - сите, некогаш ужас во земјата на живите, сега погубени, покосени со меч. 24 Таму е и Елам и сето негово мноштво околу неговиот гроб - сите истепани, покосени од меч, необрезани слегоа во подземниот крај на мртвите: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние што слегоа во јамата. 25 Среде поразените им го сместија леглото: нему и на миожеството околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние кои слегоа во јама, положени меѓу погубените. 26 Таму се Месех и Тувал и сето негово множество, со гробови околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч, некогаш ужас во земјата на живите. 27 Не лежат со јунаците паднати одамна, во Подземјето слегоа со оружје, со меч под главата и со штит на коските, зашто им беа ужас на јунаците во земјата на живите. 28 И ти ќе лежиш среде необрезаните, покосени со меч. 29 Таму е Едом и сите негови цареви и кнезови: и покрај своето јунаштво, и тие лежат заедно со оние кои се покосени од меч, со необрезаните, со оние кои слегоа во јамата. 30 Таму се кнезовите на север и сите Сидонци, и тие слегоа меѓу прободените. И покрај ужасот на своето јунаштво, необрезаните лежат, со прободените со меч, поднесувајќи го својот срам со оние кои слегоа во јамата. 31 Фараонот ќе ги види и ќе се утеши заради своето множество - фараонот и сета негова војска покосена со меч, говори Господ Бог! 32 Зашто задаваше страв во земјата на живите, фараонот и сето негово множество лежат со необрезаните, со покосените со меч - говори Господ Бог.”
1 Ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, зборувај им на синовите на својот народ! Речи: ‘Ако Јас доведам меч на некоја земја, а народот на таа земја земе еден од меѓу себе и го постави за стражар, 3 а тој - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - затруби во рог и го опомене сиот народ: 4 ако тогаш оној кој ќе го чуе гласот на трубата а не остава да биде опоменат, та мечот дојде и го погуби - неговата крв ќе падне на негова глава: 5 зашто го чу гласот на рогот, ама не остави да биде опоменат - неговата крв ќе падне на него. Ако се опоменеше, ќе го спасеше животот. 6 А пак, ако стражарот - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - не затруби во рогот и не го опомени народот, та мечот дојде и погуби некого од нив: тој, навистина, ќе биде погоден заради својот грев, но Јас ќе ја барам неговата крв од раката на стражарот.’ 7 И тебе, човечки сине, те поставив за стражар на Израелевиот дом: кога ќе чуеш слово од Мојата уста, опомени ги во Мое име. 8 Ако му речам на безбожникот: ‘Безбожнику, ќе умреш!’ - а ти не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, безбожникот ќе умре заради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам од твојата рака. 9 Но ако го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, а тој не се врати од својот пат: тој ќе умре заради својот грев, а ти ќе го спасиш својот живот. 10 Човечки сине, речи му на Израелевиот дом. ‘Вие зборувате: „Нашите престапи и гревови нè притискаат и пропаѓаме заради нив. И уште да живееме?”‘ 11 Одговори им: ‘Животот Ми Мој - говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’ 12 Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’ 13 Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи! 14 Ако му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш!’ а тој се одврати од својот грев и почне да прави по законот и правдата; 15 го враќа залогот, го плаќа ограбеното, не правејќи беззаконија - ќе живее, нема да умре! 16 И сите гревови што ги имаше направено ќе му бидат заборавени. Работи според законот и правдата, ќе живее! 17 Но синовите на твојот народ говорат: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Нивниот пат не е праведен! 18 Ако праведникот се одврати од својата правда и почне да прави неправда, тој ќе умре заради тоа. 19 А ако безбожникот се одврати од својата безбожност и почне да работи според законот и правдата, тој ќе живее заради тоа. 20 А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ На секој од вас ќе ви судам според неговите патишта, Израелев дому!” 21 Во дванаесетата година, во десетиот месец, во петтиот ден на нашето поробување, кај мене дојде бегалец од Ерусалим и рече: „Градот падна!” 22 Господовата рака се спушти врз мене приквечер пред доаѓањето на тој бегалец, и ми ја отвори устата пред тој да дојде кај мене наутро! И така, ми се отвори устата и јас веќе не бев нем. 23 И ми дојде Господово слово: 24 ”Човечки сине, оние кои што живеат во овие урнатини на Израелевата Земја говорат: ‘Еден беше Авраам, и ја наследи оваа земја, а ние сме многу - нам ни е дадена земјата во сопственост!’ 25 Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Вие јадете по горите, ги подигате своите очи кон идолите, пролевате крв - и уште да ја имате во сопственост оваа земја? 26 Се потпирате врз својот меч, правите гадости, ја обесчестувате жената на својот ближен - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?”‘ 27 Речи им го ова: ‘Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, оние кои се во урнатините, ќе загинат од меч; оние кои се во полето, ќе ги дадам на ѕверовите да ги проголтаат, а кои се во тврдините и во пештерите, ќе загинат од помор! 28 Така ќе ја разурнам и ќе ја запустам оваа земја, и ќе ја снема засекогаш дрскоста на нејзината гордост. Ќе запустеат Израелевите гори, и веќе никој не ќе поминува низ нив. 29 И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе ја разурнам и запустам нивната земја заради сите гадости што ги направија.”‘ 30 А за тебе, човечки сине, синовите на твојот народ кажуваат покрај ѕидовите и на куќните врати и си зборуваат еден на друг: ‘Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!’ 31 И брзаат кон тебе како на народен собир; и Мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува: се насладува со нив во устата, а нивното срце им оди по неправедна печалба. 32 И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат. 33 Но кога ќе дојде сè ова - ете, веќе доаѓа - ќе знаат дека имаше пророк меѓу нив!”
1 И ми дојде Господово слово: 2 ”Човечки сине, пророкувај против Израелевите пастири, пророкувај им и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Тешко им на Израелевите пастири кои се пасат сами себеси! Не треба ли пастирите да го пасат стадото? 3 Се храните со млеко, се облекувате со волна, колете дебели овни, а не ги пасете стадата. 4 Не ги поткрепувате немоќните, не ги лечите болните, не ги преврзувате ранетите, не ги доведувате назад заскитаните, не ги барате загубените, туку господарите со нив насилно и свирепо. 5 И така овците се распрснаа немајќи пастири и распрснати, им станаа плен на ѕверовите. 6 Овците скитаат по сите гори и по високите брегови; Моите овци се распрснати по сета земја, и никој не прашува за нив, нема никој да ги бара.” 7 Затоа, пастири, чујте го Господовото слово: 8 ”Животот Ми Мој, говори Господ Бог: затоа што моите овци им станаа плен и храна на ѕверовите, немајќи пастир, додека Моите пастири не ги бараа Моите овци, туку се пасат самите себе, а не го пасат Моето стадо” - 9 затоа, пастири, чујте го Господовото слово: 10 Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против пастирите! Ќе ги барам Своите овци од нивните раце, и не ќе им дадам веќе да Ми го пасат стадото ниту самите себе да се пасат: ќе ги истргам овците од нивната уста, не ќе имаат веќе храна.” 11 Зашто вака зборува Господ Бог: Еве ме, Самиот ќе ги побарам Моите овци и Самиот ќе ги пасам! 12 Како што пастирот се грижи за своите овци кога ќе се најде покрај распрснатото стадо, и Јас ќе се погрижам за Моите овци и ќе ги соберам од сите места во кои што се распрснаа во денот на облак и мрак. 13 Ќе ги изведам од народите, ќе ги соберам од земјите и ќе ги доведам во нивната земја за да ги пасам по Израелевите гори, по сите речни долини и по сите населени места во нивната земја. 14 Ќе ги пасам по прекрасни пасишта, трлата ќе им бидат на високите Израелеви гори; таму ќе одмараат во добри овчарници и ќе пасат по сочни пасишта, по Израелевите гори. 15 Самиот ќе ги пасам Своите овци и Самиот ќе им дадам починка - зборува Господ Бог. 16 Ќе ја побарам загубената, ќе ја доведам назад заскитаната, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја поткрепам немоќната, ќе бдеам над дебелата и силната - ќе ги пасам праведно.” 17 А вам, овци Мои, Господ Бог ви зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците! 18 Зар ви е малку да пасете на добро пасиште, та остатокот од пасењето го газите со нозете? 19 А Моите овци треба да го пасат тоа што вие го изгазивте со нозете, да го пијат тоа, што го замативте со нозете.” 20 Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу дебелата и слабата овца! 21 Зашто со страните и со плеќите, бодејќи со роговите, ги туркавте мршавите овци додека не ги истуркавте. 22 Јас ќе ги избавам Моите овци, за да не бидат веќе плен, и ќе судам меѓу овца и овца. 23 Ќе им поставам еден Пастир, кој ќе ги пасе, Мојот слуга Давид; Тој самиот ќе ги пасе и ќе им биде Пастир, 24 а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, и Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез посред нив. Јас, Господ реков! 25 И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите. 26 Ќе ги направам благослов нив и сите околу Мојот Рид и ќе им дадам дожд на време, и тоа ќе биде дожд на благослов. 27 И полските дрва ќе донесуваат плодови, а земјата ќе го даде својот род. И тие ќе живеат мирно во Својата земја, и ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скршам жезлите на нивниот јарем и кога ќе ги избавам од рацете на оние што ги поробија. 28 И не ќе бидат веќе плен на народите, а ѕверовите веќе не ќе ги јадат лакомо, туку ќе живеат мирно, и никој не ќе ги плаши. 29 И ќе направам да станат бујни нивните славни садници, и гладот веќе не ќе ги сотира во земјата, веќе не ќе го поднесуваат срамот на народите. 30 И ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог со нив, и дека тие се Израелевиот дом, Мој народ - говори Господ Бог.’” 31 Вие, овци Мои, вие сте стадо на Моето паство, вие луѓето; а Јас Сум ваш Бог - говори Господ Бог.’”
1 И ми дојде Господово слово 2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон Сирската Гора и пророкувај против неа! 3 Речи и: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе, Сирска Горо! Ќе ја подигнам раката против тебе и ќе те претворам во запустеност и пустина. 4 Ќе ги разурнам твоите градови, и ќе станеш пустина. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ! 5 Вечна омраза гоеше и на меч им ги предаваше Израелевите синови кога ќе им се случеше несреќа и кога ќе им чукаше часот на последниот грев. 6 Затоа, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе те предадам на крв и крвта ќе те гони: крвта не ја мразеше, крвта ќе те гони! 7 Од Сирската Гора ќе направам запустеност и пустина, ќе ги истребам од неа и минувачот и повратникот. 8 Нејзините гори ќе ги наполнам со трупови: по твоите брежиња, по твоите долини и по твоите котлини ќе паѓаат покосени од меч. 9 Ќе направам од тебе вечна пустина, твоите градови нема да се населат. И ќе знаете дека Јас Сум Господ! 10 Ти рече: ‘Овие два народа и овие две земји ќе бидат мои; ние ќе ги завладееме, ако и да беше Господ таму!’ 11 Затоа, животот Ми Мој - говори Господ Бог - ќе постапам со тебе според гневот и ревноста со кои постапи ти во својата омраза кон нив! Ќе Ме запознаеш по тоа како ќе ти судам! 12 И ќе знаеш дека Јас Господ, ги чув сите твои хули што ги изрече на Израелевите Гори, говорејќи: ‘Запустија, нам ни се дадени за храна!’ 13 Се фалевте против Мене, зборувавте против Мене и ги умножувавте зборовите против Мене; Јас чув!” 14 Господ Бог зборува вака: „За радост на сета земја од тебе ќе направам пустина. 15 Како што ти се радуваше дека запусте Израелевото наследство, така ќе направам со тебе: ќе запустееш Сирска Горо, а со тебе и сиот Едом! И ќе знаат дека Јас Сум Господ!”‘
1 ”Човечки сине, пророкувај им на Израелевите Гори и речи: ‘О Израелеви Гори, чујте го Господовото слово: 2 Така зборува Господ: „Вашите непријатели зборуваат за вас: ‘Ха! Ха! Наша сопственост ќе станат вечните височини!’”‘ 3 И затоа пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Од сите страни ве запустуваат и ограбуваат за да им бидете сопственост на другите народи, и им дојдовте на јазиците на клеветничките луѓе.” 4 Затоа, Израелеви Гори чујте го Господовото слово! Господ Бог им зборува вака на горите и брежињата, на котлините и на долините, на запустените урнатини и на напуштените градови, кои што им станаа плен и потсмев на другите народи наоколу 5 и така, Господ Бог зборува вака: „Навистина ви зборував за огнот на Мојата ревност против другите народи, против сиот Едом, кој што со радост во срцето и со омраза во душата ја присвои за себе во сопственост Мојата земја, за да ја ограбат.”‘ 6 Затоа пророкувај за Израелевата Земја! Речи им на горите и на брежињата, на котлините и на долините: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, зборувам во Мојата ревност и јарост зашто требаше да го носите укорот на народите.” 7 Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, дигам рака и се колнам: Народите што се околу вас сами ќе го носат својот срам. 8 А вие, Израелеви гори, разгранчете се и донесете му род на народот што ќе дојде скоро. 9 Зашто, еве Ме кај вас! Се обратив кон вас, и ќе ве одгледувам и ќе ве посејам. 10 Ќе ги размножам луѓето по вас, - сиот Израелев дом - ќе ви ги населам градовите, ќе ги кренам пак вашите урнатини! 11 Ќе ги размножам по вас луѓето и животните, тие ќе се намножат и ќе се наплодат - та ќе ве населам како некогаш и ќе ве опсипам со добра повеќе отколку порано! И ќе знаете дека Јас Сум Господ! 12 Ќе доведам кај вас луѓе, Свој народ, Израел, и ќе те завладее, и ќе им бидеш наследство, и веќе нема да им ги одземаш децата.” 13 Господ Бог зборува вака: „А што се зборува за тебе: ‘Ти си земја што ги јаде луѓето и што им ги одзема децата на својот народ’ - 14 ти веќе не ќе ги голташ лакомо луѓето, ниту ќе му ги одземаш децата на својот народ - зборува Господ Бог. 15 Не дозволувам веќе да го слушаш укорот на незнабожците, не давам веќе да им бидеш за срам на народите; нема веќе да им ги одземаш децата на својот народ - говори Господ Бог.’” 16 Ми дојде Господвото слово: 17 ”Човечки сине, кога Израелевиот дом уште живееше во својата земја, ја обесвети со своите неправди и со своите патишта. Нивните патишта беа пред Мене како нечистота на нечиста жена. 18 И затоа го излеав Својот гнев заради крвта што ја пролеаја и заради идолите со кои се обесветија. 19 Ги распрснав меѓу народите и ги расеав по земјите. Им судев според нивните патишта и неправди. 20 Ама во народите меѓу кои дојдоа, меѓу сите народи во кои стигнаа, го обесветуваа Моето свето име, зашто за нив се зборуваше: ‘Тоа е Господовиот народ, а требаше да си отиде од Господовата земја!’ 21 И Мене Ми се сожали за Моето свето име што Изрелевиот дом го обесвети во народите меѓу кои што дојде. 22 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Што правам не правам заради вас, Израелев дому, туку заради Своето свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте. 23 Јас ќе го посветам Своето големо свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте! И народите ќе знаат дека Јас Сум Господ - говори Господ Бог - кога врз вас, пред нивни очи, ќе ја покажам Мојата светост. 24 Тогаш ќе ве соберам од сите народи и ќе ве приберам од сите земји, ќе ве доведам назад во вашата земја. 25 Ќе ве попрскам со чиста вода, за да се исчистите. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли. 26 Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. 27 Ќе го вложам Мојот Дух во вас внатре, за да одите по Моите закони и за да ги пазите и вршите Моите наредби. 28 И ќе се населите во земјата која им ја дадов на вашите татковци и ќе бидете Мој народ, а Јас ќе бидам ваш Бог. 29 Ќе ве избавам од сите ваши нечистотии и ќе го повикам житото и ќе го умножам, и никогаш веќе нема да ве подложам на глад. 30 Ќе го умножам плодот на дрвата и родот на нивите, за да не го носите веќе заради гладот и срамот меѓу народите. 31 И тогаш ќе си спомните за своите лоши патишта и неправди, и сами ќе се замразите себеси заради своите беззаконија и гадости. 32 А што правам, знајте добро, не правам заради вас - говори Господ Бог! Срамете се и засрамете се заради своите патишта, Израелев дому!” 33 Господ Бог зборува вака: „А кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, ќе ги населам пак вашите градови и ќе ги изградам урнатините; 34 запустената земја, некогаш пустина пред очите на секој минувач, пак ќе биде обработена. 35 Тогаш ќе се рече: ‘Еве ја земјата што беше пуста, а стана како Еденската Градина! Ете, градовите што беа пусти, само урнатини и разурнатини, а сега се утврдени и населени!’ 36 И народот околу вас што остана ќе познае дека Јас, Господ, разурнатото пак го градам, и тоа што беше запустено, пак го садам. Јас, Господ, реков и ќе направам!” 37 Господ Бог зборува вака: „Еве, уште во тоа ќе ја пројавам Мојата милост кон Израелевиот дом: ќе им ги умножам луѓето како стада. 38 Како што има многу овци во Ерусалим во време на неговите празници, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови; и ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“
1 И се спушти врз мене Господовата рака, и Господ ме изведе во Својот Дух, и ме постави сред долина полна со коски. 2 Ме помина низ нив, насекаде околу нив, и ете, ги имаше во долината мошне многу, и беа сосем суви! 3 Ми рече: „Човечки сине, можат ли да оживеат овие коски?” Јас одговорив: „Господи Боже, тоа го знаеш само Ти!” 4 Тогаш ми рече: „Пророкувај им на овие коски и речи им: ‘О суви коски, чујте го Господовото слово! 5 Господ Бог им зборува вака на овие коски: „Еве, ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете! 6 Ќе ве обложам со жили, ќе ве обложам со месо, ќе ве завиткам со кожа и ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете - и ќе знаете дека Јас Сум Господ!”‘“ 7 И јас почнав да пророкувам како што ми беше заповедано. И додека проповедав стана шушкање и помрднување, и коските почнаа да се собираат. 8 Погледнав, и ете, на нив пораснале жили и месо; се покрија со кожа, но уште немаше дух во нив. 9 И ми рече: „Пророкувај му на духот, човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојди од сите четири ветра, духу, и вдахни во овие трупови за да оживеат!”‘“ 10 И почнав да пророкувам како што ми заповеда и духот влезе во нив и оживеаја и застанаа на нозе - многу, многу голема војска. 11 Ми рече: „Човечки сине, тие коски - тоа е сиот Израелев дом. Еве, тие велат: ‘Ни се осушија коските и ни пропадна надежта, загинавме!’ 12 Затоа пророкувај и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Јас ќе ги отворам вашите гробови, ќе ве изведам од вашите гробови народу Мој, и ќе ве одведам во Израелевата Земја! 13 И ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ги отворам вашите гробови, Мој народу! 14 И ќе го вдахнам Својот Дух во вас за да оживеете, и ќе ве доведам, во вашата земја, и ќе знаете дека Јас, Господ, зборувам и правам - говори Господ Бог.’” 15 И ми дојде Господово слово: 16 ”А ти човечки сине, земи дрво и напиши врз него: ‘Јуда и Израелевите синови, неговите сојузници!’ Тогаш земи друго дрво и напиши врз него: ‘Јосиф - Ефремово дрво - и сиот Израелев дом, негов сојузник.’ 17 И состави ги во едно дрво за да бидат како една во твојата рака! 18 А кога синовите на твојот народ те прашаат: ‘Сакаш ли да ни објасниш што значи тоа?’ - 19 Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе го земам Јосифовото дрво, што е во Ефремовата рака, Јосифовото дрво и на Израелевите племиња, на неговите сојузници, и ќе го составам со Јудиното дрво та од нив ќе направам едно дрво; обата ќе бидат едно во Мојата рака.”‘ 20 Обете дрва врз кои што ќе го напишеш ова, нека ти бидат во раката, пред нивните очи. 21 И речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе ги соберам Израелевите синови од народите во кои што дојдовте, ќе ги соберам отсекаде и ќе ги одведам во нивната земја. 22 И ќе направам од нив еден народ во земјата, во Израелевите гори и еден цар ќе им биде на сите, и тие веќе не ќе бидат два народа и не ќе бидат веќе разделени на две царства. 23 И веќе не ќе се онечистуваат со идолите, ни со своите грозотии, ни со пороците. Ќе ги избавам од сите нивни неверства со кои се огрешија, и ќе ги очистам, и тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог. 24 А мојот слуга Давид ќе им биде Цар, и сите ќе имаат еден Пастир. Ќе живеат по Моите закони, пазејќи ги и вршејќи ги Моите наредби. 25 Ќе живеат во земјата што му ја дадов на Мојот слуга Јаков, во која што живееја вашите татковци: во неа ќе престојуваат и нивните синови, и синовите на нивните синови довека. И Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез довека. 26 Ќе склучам со нив завет на мир; тоа ќе биде вечен Завет со нив. Ќе ги утврдам и ќе ги умножам, и ќе го поставам Своето Светилиште меѓу нив засекогаш. 27 Моето живеалиште ќе биде меѓу нив, и Јас ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ! 28 И кога Моето Светилиште биде засекогаш меѓу нив, сите народи ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го осветува Израел.”‘“
1 И ми дојде Господовото слово: 2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон Гога, во земјата Магога, кон големиот кнез Рош на Месех и Тувал, пророкувај против него. 3 Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош Месех и Тувал! 4 Ќе те намамам и ќе ти ставам узди во вилицата, ќе те изведам тебе и сета твоја војска - коњите и коњаниците, големо мноштво во потполна опрема - сè во оклопи и со штитови, сè вешти со мечеви. 5 Со нив е и Персија, Етиопија, и Пут - сите со штитови и шлемови; 6 потоа Гомер и сите негови чети, домот Тогарма од крајниот север со сите негови чети - многу народ со тебе! 7 Подготви се добро ти и сето мноштво што се собрало околу тебе и застани му на чело! 8 По многу денови ќе добиеш заповед; по многу години ќе нападнеш на земјата, избавена од меч и собрана од Моите народи, на Израелевите гори, некогаш долго пусти: откако ги изведов од народите, сите живееја спокојно. 9 Ќе се дигнеш, ќе дојдеш како невреме, како облак што ја покрива земјата, ти и твоите чети, а со вас многу народи!” 10 Господ Бог зборува вака: „Во тој ден мислите ќе ти се ројат во срцето и ќе сковаш лош наум.” 11 Ќе речеш: ‘Ајде да се кренам против небранетата земја, да нападнам на мирен народ што живее спокојно без ѕидови, и без лостови, и без врати: 12 па да се награбам плен и да се напљачкам пљачка - да ги ставам рацете на урнатините пак населени и на народот собран од народите, кој се занимава со стада и со имот и кој живее во средиштето на земјата.’ 13 Сава, Дедан и тарсиските трговци и сите нивни лавчиња ќе те прашаат: ‘Зар затоа доаѓаш да плениш? И зар заради грабеж собра толкав куп, за да го однесеш среброто и златото, за да го ограбиш добитокот и имотот и да плениш голем плен?’”‘ 14 Затоа пророкувај, човечки сине, и речи му на Гога: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога Мојот Израелев народ ќе живее спокојно, ти ќе се дигнеш! 15 Ќе дојдеш од своето седиште, од крајниот север, ти и многу народи со тебе, сè сами коњаници, големо мноштво, голема војска. 16 Ќе нападнеш на Израел, на Мојот народ како облак кога ја покрива земјата. Во последните денови ќе те доведам против Својата земја, за да Ме запознаат народите, кога врз тебе Гоже, пред нивните очи, ќе ја покажам Својата светост.” 17 Господ Бог зборува вака: „Не си ли ти тој за кого што зборував во древни денови, преку своите слуги, Израелевите пророци, кои што пророкуваа во она време дека ќе те доведам против нив? 18 Во оној ден кога Гога ќе падне врз Израелевата Земја - говори Господ Бог - гневот ќе Ми пламне во Мојата јарост. 19 Во Мојата ревност и во огнот на Мојот гнев, одлучив: Во оној ден ќе има силен потрес во Израел. 20 И ќе се тресат под мене морските риби и небесните птици, полските ѕверови и лазачите што ползат по земјата и сите луѓе што живеат на неа. Планините ќе се урнат, стрмнините ќе паднат и ќе се срушат сите ѕидови! 21 И по сите Свои гори ќе повикам меч против него - говори Господ Бог - со меч ќе се крене брат против брата! 22 Ќе му судам со помор и со крв. И ќе спуштам силен поројник и град од камења, оган и сулфур врз него, врз неговите чети и врз многуте народи што ќе бидат со него. 23 И ќе се возвеличам и ќе се објавам пред сите народи, и ќе познаат дека Јас Сум Господ.”‘
1 А ти човечки сине, пророкувај против Гога и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош, Месех и Тувал! 2 Ќе те намамам и ќе те поведам, ќе те подигнам од крајниот север и ќе те доведам на Израелевите гори. 3 Ќе ти го избијам лакот од левата рака и ќе ги истурам стрелите од твојата десница. 4 На Израелевите гори ќе паднеш ти и сите твои чети и народите кои ќе бидат со тебе: те дадов за храна на грабливите птици на сè крилесто, и на ѕверовите. 5 Ќе паднеш на отворено поле, зашто Јас реков така - говори Господ Бог. 6 Ќе испратам оган на Магога и на жителите на островите, кои живеат безгрижно, и ќе знаат дека Јас Сум Господ. 7 Моето свето име ќе го објавам среде Мојот Израелев народ, и не ќе оставам да се обесветува веќе Моето свето име! И сите народи ќе познаат дека Јас Сум Господ, Израелевиот Светец. 8 Еве доаѓа и ќе се збидне - зборува Господ Бог! Тоа е денот за кој што зборував! 9 Ќе излезат жителите на Израелевите градови, ќе запалат оган и ќе ги изгорат оружјето, штитовите, лаковите и стрелите, копјата и сулиците - со нив ќе палат оган седум години. 10 Не ќе носат дрва од полето ниту ќе сечат по горите, туку ќе го палат огнот со оружје. И ќе ги запленат оние што нив ги пленеа, ќе ги ограбат оние што нив ги ограбуваа” - говори Господ Бог. 11 Во оној ден ќе му дадам на Гога за гроб прочуено место во Израел: долината Абарим, источно од Морето, што им го затворува патот на минувачите; таму ќе ги закопаат Гога и сето негово мноштво. И долината ќе се нарече Хамон-Гога (Гогови множества). 12 И домот Израелев ќе ги закопува седум месеци за да ја очистат земјата. 13 И сиот народ ќе ги закопува, ќе им биде славен денот во кој ќе се прославам, говори Господ Бог. 14 Ќе изберат луѓе да поминуваат непрекратно низ земјата, со помош на минувачите ќе ги закопуваат останатите на земјата, за да ја очистат; а после седум месеци ќе направат проверка. 15 И кога некој, минувајќи низ земјата, ќе види човечки коски, ќе подигне покрај нив надгробник додека гробарите не ги закопаат во долината Хамон-Гога. 16 Хамона е име и на градот. И така, ќе ја очистат земјата.”‘ 17 А ти, човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Речи им на птиците, на сè што е крилесто и на сите ѕверови: „Соберете се и дојдете! Соберете се отсекаде на Мојата жртва, што ја колам за вас, на големата гозба по Израелевите гори, за да се најадете месо и за да се напиете крв. 18 Најадете се месо од јунаци и напијте се крв од земните кнезови, од овни, од јагниња, од јарци, од јунци, од згоен васански добиток! 19 Најадете се мрсно до наситување и напијте се до опијанување од крвта на Моите жртви што ви ги заклав за вас. 20 Наситете се на мојот стол со коњи и коњаници, со јунаци и секакви војници! - зборува Господ Бог. 21 Таќа ќе се прославам меѓу народите, и сите народи ќе ги видат судот што ќе го извршам и раката што ќе ја дигнам против нив. 22 Ќе знае Израелевиот дом дека Јас Сум Господ, нивниот Бог - од тој ден засекогаш. 23 И ќе знаат народите дека Израелевиот дом беше одведен во ропство заради своите престапи: Ме изневери па го скрив Моето лице од нив и ги предадов во рацете на нивните непријатели, за да загинат од меч. 24 Постапив со нив според нивната нечистота и според нивните престапи, и го скрив Моето лице од нив.”‘ 25 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Сега ќе го вратам Јакововото робје и ќе го помилувам сиот Израелев дом - ревнив на Моето свето име, 26 ќе им го простам: срамот и сите неверства со кое што Ме изневерија додека уште живееја спокојно во земјата и немаше никој за да ги заплашува. 27 А кога ќе ги доведам од народите и ќе ги соберам од непријателските земји, и кога врз нив пред очите на многу народи, ќе ја покажам Мојата светост, 28 ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог, Кој ги одведе во ропство меѓу народите и Кој пак ќе ги собере во нивната земја, не оставајќи онаму ниту еден од нив. 29 И никогаш веќе не ќе го кријам лицето од нив, зашто Мојот Дух го излеав врз Израелевиот дом’- зборува Господ Бог.”
1 Во дваесет и петтата година на нашето ропство, во почетокот на годината, во првиот месец, во десеттиот ден, а во четиринаесеттата година откако падна градот, токму во оној ден, Господовата рака се спушти на мене. 2 И ме одведе во божествен привид во Израелевата Земја, та ме постави на многу висока гора. На неа, од јужната страна, беше нешто како соѕидан град. 3 Ме поведе натаму, и ете, човек блескав како бронза, стоеше на вратата, со ленено јаже и со мерачка трска во раката. 4 И тој човек ми рече: „Човечки сине, гледај со своите очи и слушај со своите уши, запомни сè што ќе ти покажам, зашто си доведен тука за да ти покажам. Извести му на Израелевиот дом сè што ќе видиш тука.” 5 И ете, здание сето наоколу препашано со ѕид. Човекот држеше во раката мерачка трска од шест лакти, а секој лакот беше подолг од една дланка од обичниот лакот. Тој го измери зданието. Широчина: една трска, височина: една трска. 6 Потоа отиде кон вратата што беше свртена кон исток. Се искачи по скалите и го измери прагот на вратата. Широчина: една трска. 7 А секоја соба долга една трска и широка една трска. Меѓу собите: пет лакти. Прагот на вратата од страната на нивниот трем, одвнатре една трска. 8 Го измери тремот на вратата одвнатре: беше широк осум лакти; 9 а неговите полустолбови два лакти. Тремот на вратата беше од внатрешната страна. 10 На секоја страна на источната врата беа по три соби. И сите три беа со иста мерка. Така и полустолбовите: од двете страни беа со иста мерка. 11 Потоа ја измери вратата: беше широка десет лакти и висока тринаесет лакти. 12 Пред собите имаше ограда од еден лакот од едната и од другата страна. Секоја соба шест лакти од едната, и шест лакти од другата страна. 13 А потоа ја измери вратата од задната страна на спротивната соба, во широчина: беше дваесет и пет лакти, врата спроти врата. 14 Го измери и тремот: дваесет лакти. Дворот беше сè околу тремот на вратата. 15 Од влезната страна на вратата до спротивната страна на нивниот трем беа педесет лакти. 16 На собите и на нивните довратници, од внатрешната страна сè наоколу, а исто така и во тремот, имаше прозорци со решетки. Таквите прозорци беа одвнатре сè наоколу, а на полустолбовите, палми. 17 Потоа ме одведе во надворешниот двор на Домот. И ете, сè околу дворот простории и плочник. Триесет простории врз плочник. 18 Подот беше од секоја страна на вратата и му одговараше на рамништето на вратата. Тоа е долниот под. 19 Тој ја измери широчината на дворот од долната врата до внатрешниот двор, од надворешната страна: сто лакти на исток и на север. 20 И ги измери широчината и должината на северната врата на надворешниот двор. 21 А таа имаше по три соби од секоја страна, а нивните столбови и тремови со исти мерки како кај првата врата: во должина педесет лакти и во широчина дваесет и пет лакти. 22 Нивните прозорци, тремови и палми беа со исти мерки како на источната врата, а на нивниот приод седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна. 23 Внатрешниот двор имаше врата што беше спроти северната врата како и источната. Тој измери: меѓу едната и другата врата имаше сто лакти. 24 Потоа ме одведе кон југ, и ете: таму врата. Ги измери таму собите, полустолбовите и тремовите: беа со иста мерка. 25 Таа и нејзините тремови имаа сè наоколу прозорци што беа како и оние првите. Должината и тука изнесуваше педесет лакти, а широчината дваесет и пет. 26 Кон вратите водеа седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна, а на столбовите имаа по една палма од секоја страна. 27 Внатрешниот двор имаше една врата и од јужната страна. Тој измери: од таа врата до јужната врата - сто лакти. 28 Потоа ме воведе низ јужната врата во внатрешниот двор. И ја измери јужната врата: беше со исти мерки. 29 Собите, столбовите и тремовите беа со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина дваесет и пет лакти во широчина. 30 А сè наоколу тремови: долги дваесет и пет лакти, а широки пет лакти. 31 Тремовите се тегнеа кон надворешниот двор. На нивните полустолбови палми, а пристапот кон нив имаше осум басамаци. 32 Потоа ме поведе кон источната врата на внатрешниот двор. И ја измери вратата: беа со исти мерки. 33 Нивните соби, полустолбови и тремови беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Во должина беа педесет лакти, а во широчина дваесет и пет. 34 Нивниот трем беше кон надворешниот двор. На нивните полустолбови од оваа и од онаа страна имаше палми. Пристапот кон нив имаше осум басамаци. 35 Потоа ме одведе кон северната врата. И ја измери: беше со исти мерки. 36 Нивните соби, полустолбовите и тремовите беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина, а дваесет и пет во широчина. 37 Тремот достигаше до надворешното предворје. На столбовите од оваа и од онаа страна имаше палми. Пристапот кон нив имаше осум басамаци. 38 Покрај столбовите на вратата имаше соба со посебен влез; таму ги миеја палениците. 39 Во тремот на вратата од едната и од другата страна имаше по два стола за колење на паленици за грев и приноси за престапи. 40 И од надворешната страна на оној кој влегува низ влезот на северната врата имаше два стола; а од другата страна, кон тремот на вратата, два стола. 41 Четири стола од едната а четири стола од другата страна на вратата: вкупно осум столови, врз кои се колеа жртви. 42 И четири стола за паленици, од делкан камен. Беа по лакот ипол широки и лакот високи. Врз нив стоеше приборот за колење на паленици и други жртви. 43 Столовите беа орабени наоколу со жлепчиња од еден лакот, свртени кон внатре. На столовите се ставаше жртвено месо. 44 Потоа ме поведе во внатрешниот двор. Во внатрешниот двор беа две простории: едната беше на страната на северната врата, свртена кон југ, а другата на страната на јужната врата, свртена кон север. 45 И тој ми рече: „Таа просторија што е свртена кон југ е одредена за свештениците, кои ја вршат службата во Домот. 46 А просторијата што е свртена на север е за свештениците, кои ја извршуваат службата при жртвеникот. Тоа се Садоковите синови, оние помеѓу Левиевите синови, кои што смеат да Му пријдат на Господа за да му служат!” 47 Тој го измери дворот. Должина: сто лакти, широчина сто лакти; беше четириаглест. Пред Домот стоеше жртвеник. 48 А потоа ме поведе кон тремот, и ги измери полустолбовите на тремот: беа пет лакти на едната и пет лакти на другата страна. Вратата беше широка три лакти од едната и три лакти од другата страна. 49 Тремот беше долг дваесет лакти, широк дванаесет лакти. Десет басамаци водеа натаму. На довратниците од една и од другата страна стоеше по еден столб.
1 Потоа ме одведе во Храмот. Му ги измери полустолбовите: беа широки шест лакти од едната и шест лакти од другата страна. 2 Вратата беше широка десет лакти: на секоја страна по едно крило од пет лакти. А потоа го измери Храмот: беше долг четириесет а широк дваесет лакти. 3 Тогаш влезе и ги измери полустолбовите на вратата: два лакта; потоа вратата: шест лакти; па широчииата на вратата: седум лакти. 4 Потоа го измери внатрешниот простор: должина дваесет лакти, широчина пред Храмот дваесет лакти. И ми рече: „Тоа е Светина над Светините.” 5 Потоа го измери ѕидот на Храмот: шест лакти. Страничните простории беа широки четири лакти, сè околу Храмот. 6 Страничните простории беа една над друга, беа триесет на три ката. Во храмскиот ѕид беа сè наоколу, засеци, за да ги прифатат страничните простории. Така тие не беа вградени во храмскиот ѕид. 7 Широчината на просториите се зголемуваше од кат до кат, зашто тие се наоколу на катови, го опкружуваа Храмот, а Храмот, одејќи нагоре, оставаше сè поширок простор. Од најдолниот кат се одеше нагоре до најгорниот низ средниот. 8 Тогаш видов сè околу Храмот некаква височина. Основите на страничните простории: цела трска, шест лакти. 9 Дебелината на надворешниот ѕид на страничните соби: пет лакти. Преминот меѓу страничните простории на Храмот 10 и собите беше сè наоколу Храмот, дваесет лакти широк. 11 Од страничните простории излегуваа за премин една врата кон север и една кон југ. Преминот беше широк пет лакти секаде наоколу. 12 Зградата што го затворуваше заградениот простор од запад беше широка седумдесет лакти, а ѕидот на таа градба секаде наоколу беше дебел пет лакти и долг деведесет лакти. 13 Тој го измери Храмот: беше долг сто лакти. Заградениот простор неговото здание и ѕидовите, долги сто лакти. 14 Широчината на челото на Храмот со заградениот простор кон исток: сто лакти. 15 Тој ја измери должината на зданието вдолж заградениот простор што беше одназад и ходниците од едната и од другата страна: сто лакти. 16 Внатрешноста на Храмот, тремовите на дворот, праговите, прозорците со решетките и ходниците на сите три страни наоколу, спроти праговите, беа сè наоколу обложени со дрво од земјата до прозорците. Прозорците беа покриени. 17 Од влезот сè до внатрешноста на Храмот, а така и однадвор, сè по целиот ѕид наоколу, одвнатре и однадвор, 18 беа ликови на херуви и палми. По една палма меѓу два херува, а секој херув имаше две лица: 19 кон палмата од едната страна човечко лице, а кон палмата од другата страна лавско лице. Така беше по сиот Храм сè наоколу: 20 од земјата до над вратата беа наделкани херуви и палми, а така и по ѕидот на Храмот. 21 Довратниците на Храмот беа четириаглести. И Светилиштето имаше таков вид, како што видов. 22 Пред Светилиштето нешто како жртвеник од дрво: висок три лакта, долг два лакта. Неговите агли, подножјето и страните беа од дрво. И човекот ми рече: „Еве го столот што е пред Господовото лице!” 23 И Храмот и Светилиштето имаа по две врати, 24 а секоја врата по две крила што се вртеа. Две крила на едната и две крила на другата врата. 25 А на вратите на Храмот беа ископаничарени херуви и палми, како што беа изделкани и по ѕидовите. Надвор пред тремот беше дрвена надстреа. 26 Прозорците со решетките и палмите беа од едната и од другата страна на тремот, во страничните простории на Домот и на стреите.
1 А потоа ме поведе кон север, во надворешниот двор, и ме доведе во просторијата спроти заградениот простор, спроти зданието кон север. 2 Нивното чело на северната страна беше долго сто лакти, а широко педесет лакти. 3 Спроти дваесетте лакти вратата на внатрешниот двор и спроти плочникот на надворешниот двор беа ходници еден спроти друг на три ката. 4 Пред просториите беше премин кон внатрешноста, широк десет лакти и долг сто лакти. Вратите им беа свртени кон север. 5 Горните простории беа помали, зашто ходниците им го одземаа просторот, од долните и од средните. 6 Зашто беа на три ката, но немаа столбови како во дворот. Затоа горните простории беа потесни од долните и од средните. 7 Надворешниот ѕид, вдолж на собите кон надворешниот двор, пред собите, беше долг педесет лакти. 8 Зашто должината на собите на надворешниот двор беше педесет лакти, а на оние пред Храмот сто лакти. 9 Во тие простории влезот им беше од исток на оној кој им приоѓаше од надворешниот двор. 10 По широчината на ѕидот на дворот кон исток, пред самото здание, имаше уште простории. 11 Пред нив имаше премин како пред собите сместени кон север: со иста должина и со иста широчина; и сите нивни излези, распоредот и вратите, им беа еднакви. 12 Беа како влезовите во собите што беа кон југ: влез на почетокот на секој премин, спроти ѕидот на зданието, кон исток на оној кој влегуваше во нив. 13 И ми рече: „Северните и јужните простории пред заградениот простор се простории на Светилиштето: таму свештениците кои Му пристапуваат на Господа ќе ги јадат најголемите светини. Тие ќе ги оставаат тука најголемите светини, лебниот принос, жртви за грев и жртви за престапи, зашто тоа место е свето. 14 А кога свештениците ќе влегуваат, нема да излегуваат од Светилиштето во надворешниот двор, туку ќе ја оставаат облеката во која ја служеа службата, зашто е света, и ќе облекуваат друга облека, за да можат да му се приближат на местото одредено за народ.” 15 Откако ја измери внатрешноста на Домот, ме изведе низ источната врата и измери сè наоколу. 16 Со мерачка трска ја измери источната страна: беше пет стотини трски, мерачки трски, 17 а потоа се сврти и ја измери северната страна: беше пет стотини трски, мерачки трски. 18 Тогаш се сврти кон јужната страна и измери: пет стотини трски, мерачки трски. 19 Потоа се сврти кон западната страна и измери: пет стотини трски, мерачки трски. 20 Тој го измери ѕидот на сите четири страни наоколу: беше долг пет стотини трски и широк пет стотини. Го одвојуваше светото место од несветото.
1 Потоа ме поведе кон вратата што гледаше на исток. 2 И ете, славата на Израелевиот Бог доаѓаше од исток; шумот и е како шум на големи води: и земјата блескаше од Неговата слава. 3 Тоа привидение што го гледав беше како привидот што го видов кога дојдов да го уништам градот и како привидението што го видов покрај реката Хевар, и паднав на лицето. 4 А Господовата слава влезе во Домот низ вратата што гледаше кон исток. 5 Тогаш Духот ме подигна и ме одведе во внатрешниот двор. И ете: Домот беше полн со Господовата Слава. 6 И чув глас што ми зборуваше од Домот, а некој стоеше покрај мене. 7 И ми рече: „Човечки сине, ова е местото на Мојот Престол ова е место на стапалките на Моите нозе: тука, сред Израелевите синови, ќе престојувам засекогаш. Израелевиот дом нема да го обесветува веќе Моето свето име - ни тие ни нивните цареви - со своето блудствување и со труповите на своите цареви, по нивните високи места. 8 Го ставија својот праг до Мојот, своите довратници до Моите, така што беше само ѕид меѓу Мене и нив, и го обесветуваа Моето свето име со гнасотиите што ги направија. И затоа ги сотрев во Својот гнев. 9 Сега тие ќе ги отстранат далеку од Мене своето блудствување и труповите на своите цареви, а Јас ќе престојувам засекогаш сред нив. 10 Човечки сине, покажи му го на Израелевиот дом овој Храм за да се засрамат од своите беззаконија. Нека му ги измерат размерите. 11 Ако се засрамат заради сè што направија, опиши им ги Храмот и неговите размери, неговите излези и влезови, сиот негов изглед сите прописи и сите закони; запознај ги и нацртај им, за да видат и да го чуваат и да ги исполнуваат сите негови нацрти и сите прописи за него. 12 А ова е закон за Домот: горе на врвот, сиот простор наоколу, ќе биде најсвета светина. 13 Ова се мерките на жртвеникот, со лакти - а лакотот тука, е лакот и една педа: подножјето на жртвеникот лакот долго, лакот широко; работ со кој е обрабен наоколу - една педа. Височината на жртвеникот: 14 од подножјето на земјата до долниот појас на жртвеникот - два лакта, а во широчина еден лакот; од помалиот појас до поголемиот четири лакти, а во широчина еден лакот. 15 А самиот жртвеник висок четири лакти. А од жртвеникот се дигаат нагоре четири рогови. 16 Жртвеникот: долг дванаесет лакти, широк дванаесет лакти, четириаголен, на сите четири страни. 17 А појасот: четиринаесет лакти долг и четиринаесет лакти широк, на четири страни; неговиот раб наоколу половина лакот, а подножјето околу него наоколу еден лакот; басамаците му гледаат кон исток.” 18 И ми рече: „Човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Ова се жртвените прописи по кои, во свое време, треба да се подигне жртвеникот, за да се принесуваат на него паленици и за да се прска крв по него. 19 На свештениците левити, на Садоковите потомци, кои што пристапуваат кон Мене за да Ми служат - говори Господ Бог - ќе им дадеш јунче за жртва за грев. 20 Ќе ја земеш неговата крв и со неа ќе ги намачкаш четирите рогови на жртвеникот и четирите агли за да го очистиш и за да го осветиш. 21 Потоа земи го јунчето и изгори го на одделеното место на Домот надвор од Светилиштето. 22 Утреден принеси јарец без недостаток како жртва за грев, нека се очисти со него жртвеникот, како што беше очистен со јунчето. 23 А кога ќе го очистиш, принеси јунец без недостаток и овен без недостаток од стадото; 24 принеси ги пред Господа, а свештениците нека ги посипат со сол и нека Му ги принесат како паленица на Господа. 25 Седум денови, секој ден принеси по еден јарец за грев: и нека бидат принесени јунче и овен од стадото, обата без недостаток. 26 Седум денови нека го очистува жртвеникот и нека го очисти и осветува. 27 Откако ќе се исполнат тие денови, од осмиот ден натаму свештениците нека ги жртвуваат врз жртвеникот вашите паленици и жртви за грев; и ќе бидам милостив кон вас’ - говори Господ Бог.”
1 Потоа ме одведе назад кон надворешната врата на Светилиштето, што гледаше кон исток: беше затворена. 2 И Господ ми рече: „Оваа врата ќе биде затворена; нека не се отворува, и никој нека не влегува низ неа, зашто Јас, Господ, Израелевиот Бог, поминав низ неа - затоа нека биде затворена. 3 Само кнез, зашто е кнез, смее да седне тука и да јаде пред Господа; тогаш нека влезе низ тремот на вратата и нека излезе по истиот пат.” 4 Потоа ме одведе кон северната врата пред Домот. Погледнав, и ете: Господовата Слава го беше наполнила Господовиот Дом. Паднав на лице. 5 Господ ми рече: „Човечки сине, внимавај грижливо, гледај добро и слушај внимателно што ќе ти речам за сите уредби на Господовиот Дом и за сите Негови закони. Внимавај добро кој смее да влезе во Домот и кој е одделен од Светилиштето. 6 Речи му на бунтовничкиот род, на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Веќе се премногу вашите гадости, Израелев дому! 7 Воведувате туѓинци, со необрезано срце и со необрезано тело, та влегоа во Моето Светилиште и го обесветија Мојот дом додека вие ги принесувавте Мојот леб и мрсното и крвта, и така го раскинавте Мојот Завет, со сите тие расипаности. 8 Самите не ја чувавте Мојата светина, туку нив ги наместивте место себеси како чувари во Моето Светилиште.” 9 Господ Бог зборува вака: „Ниеден туѓинец, со необрезано срце и со необрезано тело, веќе да не влегува во Моето Светилиште - ниеден туѓинец кој живее меѓу Израелевите синови. 10 А левитите, кои се оддалечија од Мене, тогаш кога Израел заскита од Мене по своите идоли, ќе го носат своето беззаконие. 11 Ќе служат во Светилиштето само како стражари при вратите на Домот и како прислужници во Домот: ќе му колат на народот паленици и други жртви и ќе му бидат на служба. 12 Им служеа пред нивните кипови и така го наведоа Израелевиот дом на беззаконие. Затоа ја подигнав раката против нив - говори Господ Бог - да го носат своето беззаконие. 13 Веќе не ќе пристапуваат кон Мене за да Ми служат како свештеници, и не ќе им приоѓаат веќе на Моите најсвети светини, туку ќе ја носат својата срамота и расипаностите што ги направија. 14 Ќе ги поставам да работат во Домот секаква работа и сè што треба да свршат во Него. 15 Свештениците левити, Садоковите потомци, кои Ми служеа верно во Моето Светилиште, кога Израелевите синови отскитаа од Мене - тие смеат да Ми пристапуваат кон Мене за да Ми служат: ќе служат пред Мене принесувајќи Ми мрсно и крв - говори Господ Бог. 16 Тие смеат да влегуваат во Моето Светилиште и да пристапуваат кон Мојот стол, за да Ми служат и за да вршат службата. 17 Кога ќе влегуваат низ вратата на внатрешниот двор, нека облечат ленени облеки: нека нема врз нив ништо волнено кога ќе служат при вратата на внатрешното предворје и на Домот. 18 Нека носат ленени капи на главите, ленени гаќи околу половината: нека не се препашуваат со ништо од што би се потеле. 19 Кога ќе излегуваат во надворешниот двор кон народот, нека ги соблечат облеките во кои што служеа и нека ги остават во просториите на Светилиштето, а нека облечат други облеки, за да не го посветат народот со своите облеки. 20 И нека не ги бричат главите, а нека не пуштаат ни долги коси туку нека ја стрижат косата. 21 И ниеден свештеник, кога треба да влезе во внатрешниот двор, нека не пие вино. 22 Нека не се женат со вдовица или со разведена, туку само со девојка од Израелевиот род или со свештеникова вдовица. 23 Нека ми го учат народот: да го разликуваат светото од несветото, да го делат нечистото од чистото. 24 Тие нека бидат судии во спорови: нека судат по Моите закони и нека ги чуваат законите и уредбите за сите Мои празници, и нека ги празнуваат Моите саботи. 25 Нека не пристапуваат кон мртовец, за да не се онечистат; смеат да се обесветуваат само за татко и за мајка, за син и за ќерка, за брат и за сестра уште немажена. 26 Потоа, откако некој ќе се очисти нека му се бројат седум денови: 27 а тогаш, кога ќе влезе во Светилиштето, во внатрешниот двор, за да служи во Светилиштето, нека принесе жртва за грев” - зборува Господ Бог. 28 29 30 31
1 ”Кога ќе ја делите земјата со жрепка во наследство, принесете Му како задржан принос на Господа еден свет дел од земјата долг дваесет и пет илјади лакти, широк десет илјади; тоа нека биде свето подрачје вдолж и напреку. 2 Од тоа за Светилиштето нека биде четвртесто од пет стотини лакти и чистинка од педесет лакти наоколу. 3 Од тоа подрачје измери во должина дваесет и пет илјади лакти, а во ширина десет илјади: тука нека биде Светилиште - Светина над Светините. 4 Тој свет дел од земјата им припаѓа на свештениците, кои служат во Светилиштето и кои пристапуваат кон Господа за да му служат: таму нека им биде местото за куќи; и тоа нека е свето место што му припаѓа на Светилиштето. 5 Дваесет и пет илјади во должина и десет илјади во широчина нека им бидат на левитите, кои му служат на Домот таму нека изградат градови во кои ќе живеат. 6 За сопственост на градот доделете пет илјади лакти во ширина и дваесет и пет илјади во должина, наспоредно со светото подрачје, тоа ќе му припаѓа на сиот Израелев дом. 7 На кнезот му припаѓа делот од двете страни на светото подрачје и на градскиот недвижен имот - вдолж на светото подрачје и долж на градската сопственост - од западната страна кон запад и од источната страна кон исток, а должината нека му биде еднаква на секој тој дел, од западната до источната граница. 8 Тоа нека биде негова земја, имот во Израел, за да не го угнетуваат веќе кнезовите Мојот народ и за да му ја дадат земјата на Израелевиот дом по племиња.” 9 Господ Бог зборува вака: „Доста е, Израелеви кнезови! Откажете се од насилството и од грабежот и вршете ги законот и правдата; избавете го Мојот народ од своите побарувачки - говори Господ Бог. 10 Мерете со права мерка: со права ефа и со ват. 11 Ефата и ватот нека опфаќаат еднаков обем; ватот нека изнесува десет хомери и ефата десет хомери - мерата нека им биде според хомерот. 12 Шекелот нека биде дваесет гера; мината нека ви биде: дваесет шекели, дваесет и пет шекели, и петнаесет шекели. 13 Ова е приносот што ќе го принесувате: шестина ефа од секој хомер пченица, и шестина ефа од секој хомер јачмен. 14 А ова е уредбата за маслото: десетина ват од секој кор - десет вата е еден хомер, и десет вата е еден кор. 15 Од секое стадо од двеста овци од сочните Израелеви пасишта по една овца за жртва приносница, паленица и благодарница - вам за помирување - говори Господ Бог. 16 Сиот народ на земјата му го должи овој принос на Израелевиот кнез. 17 А кнезот е должен да дава жртви паленици, лебни приноси и налевници за празници и за млади месечини, за саботи и за сите прослави на Израелевиот дом: тој нека принесува жртва за грев, лебен принос и благодарница за покривање на гревот на Израелевиот дом.” 18 Господ Бог зборува вака: „Во првиот месец, во првиот ден во месецот, земи јунче без недостаток и да го очистиш со него Светилиштето. 19 Свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и нека со неа ги намачка довратниците на Домот и сите четири агли на жртвеничкиот појас и довратниците на вратата на внатрешниот двор. 20 Така нека направи и во седмиот ден на истиот месец за секој кој згрешил од слабост и од незнаење. Така ќе го довршите очистувањето на Домот 21 Во првиот месец, во четиринаесеттиот ден на месецот, празнувајте ја Пасхата, седмодневен празник, кога се јадат бесквасните лебови. 22 Во тој ден кнезот нека принесе за себе и за сиот народ на земјата, јунче за жртва за грев. 23 Во седумте денови на празникот нека принесува за паленица на Господ седум јунчиња и седум овни без недостаток - за секој ден на тие седум денови - и во секој ден јарец како жртва за грев. 24 А лебниот принос тој нека го принесува по ефа на секој јунец и по ефа на овен и по ин масло на секоја ефа. 25 Во седмиот месец, во петнаесеттиот ден на месецот, нека на празникот принесува исто толку во седумте денови: исто толку жртви за грев, паленици, лебни приноси и масло.”
1 Господ Бог зборува вака: „Вратата на внатрешниот двор, што гледа кон исток, нека биде затворена шест работни денови, а нека биде отворувана во саботниот ден; и нека биде отворувана во денот на младата месечина. 2 Кнезот нека влегува низ нивниот трем и нека застане кај довратникот; тогаш свештениците ќе ги принесат неговата паленица и жртва благодарница, а тој ќе се поклони при прагот на вратата и ќе излезе. Вратата нека не се затворува до вечер. 3 При влезот на истата врата во сабота и при млада месечина, народот на земјата ќе Му се поклонува на Господа. 4 Паленицата што кнезот ќе му ја принесува на Господа, во сабота, нека биде: шест јагниња без недостаток, овен без недостаток. 5 А лебниот принос нека биде по ефа на овен, а на јагнето колку и како кој може и по ин масло на ефа. 6 Во денот на млада месечина нека бидат принесени: јунец без недостаток, шест јагниња и овен без недостаток. 7 А за лебниот принос нека се принесе по ефа на јунецот, по ефа на овен, и по ин масло на ефа. 8 Кога кнезот ќе влегува, нека влегува низ тремот на вратата и нека излегува по истиот пат. 9 А кога народот на земјата ќе доаѓа во празниците пред Господа оној кој ќе влезе низ северната врата за да се поклони, нека излезе низ јужната, а кој ќе влезе низ јужната, нека излезе низ северната; нека не се враќа кон вратата низ која што влегол, туку нека излезе низ спротивната. 10 И кнезот нека биде со нив: кога ќе влегуваат тие, нека влезе и тој и нека излезе кога ќе излегуваат тие. 11 На празниците и на свечените денови нека се принесува лебен принос по ефа на јунец и по ефа на овен, а на јагне колку кој може и по ин масло на ефа. 12 Кога кнезот ќе сака да Му принесе доброволна паленица или доброволна жртва благодарница на Господа, нека му ја отворат вратата што гледа кон исток, па нека ја принесе паленицата и својата жртва благодарница како во саботен ден; потоа нека излезе а кога ќе излезе, вратата нека се затвори. 13 Секој ден ќе Му принесуваш на Господа за паленица јагне годиначе, без недостаток; ќе го принесуваш секое утро. 14 А лебниот принос со него принесувај го секое утро по шестина ефа и по третина ин масло, за да се попрска брашното; тоа нека Му биде лебен принос на Господа според вечна уредба. 15 И така треба да се принесуваат јагне, лебен принос и масло секое утро постојано како паленица.” 16 Господ Бог зборува вака: „Ако кнезот му даде подарок на некој свој син од своето наследство, тој дар ќе им припадне ним во сопственост како наследство. 17 Ако од своето наследство му даде подарок на некој свој слуга, тоа ќе му припаѓа нему до ослободувачката година, а потоа нека му биде вратен на кнезот; наследството им припаѓа само на кнезовските синови. 18 Кнезот не смее да присвои ништо од наследството на народот, ограбувајќи народниот недвижен имот. На своите синови нека им даде наследство од својот имот, за да не се распрсне народот, протеран од својата сопственост.”‘“ 19 Потоа ме одведе низ влезот покрај вратата во свештеничките простории на Светилиштето што гледаа кон север, и ете: таму, во дното, кон запад, едно место! 20 И ми рече: „Ова е местото каде што свештениците ќе ги варат жртвите за престапи и за грев и жртвата помирница, каде ќе ги печат лебните приноси за да не ги изнесат во надворешниот двор та да го осветат народот.” 21 Потоа ме изведе во надворешниот двор и ме помина покрај четирите агли на дворот, и ете, во секој агол на дворот беше мало дворче. 22 Тие мали дворови во четирите агли на дворот беа долги четириесет лакти, широки триесет - сите четири со исти размери; 23 сите четири опашани со ѕид, а под ѕидот секаде наоколу беа изградени огништа. 24 И ми рече: „Тоа се готвачилниците каде што слугите на Домот ќе му ги варат жртвите на народот.”
1 Потоа ме одведе назад кон вратата на Домот. И ете: вода извираше под прагот на Домот, кон исток - зашто лицето на Домот беше кон исток - и водата истечуваше под десната страна на Домот, јужно од жртвеникот. 2 Потоа ме изведе низ северната врата и ме помина наоколу по надворешниот пат кон надворешната врата што гледа кон исток. И ете, водата извираше од десната страна. 3 Човекот тргна кон исток со јаже во раката, измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата ми стигнуваше до глуждовите. 4 Таму пак измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата беше до колена. И пак измери илјада лакти и ме помина преку водата што беше до појасот. 5 Пак измери илјада лакти, ама таму беше поток што не можев да го поминам, зашто водата придојде та требаше да се плива: тоа беше поток што не можеше да се помине. 6 И ме праша: „Гледаш ли човечки сине?” И ме одведе назад, на брегот на потокот. 7 И кога се вратив, ете, на брегот имаше многу дрва на обете страни. 8 И ми рече: „Оваа вода тече во источниот крај, се спушта во Арабах и тече во морето; а кога ќе се влее во морето, водите ќе му оздрават. 9 И каде и да потече потокот, секое суштество што се движи ќе биде живо; и ќе има мошне многу риби, зашто каде и да дојде оваа вода, сè оздравува и оживува - каде и да протече овој поток. 10 И рибарите ќе рибарат вдолж морето: Од Ен Гад до Ен Еглаим ќе се сушат мрежи; и ќе има мошне многу секакви риби како во Големото Море. 11 А мочуриштето на она море и неговите бари не ќе оздрават: ќе бидат за сол. 12 Вдолж потокот на обете страни ќе растат секакви овошки: лисјата нема да им паѓаат и од нив нема да снемува плод; секој месец ќе раѓаат нов плод, зашто водата им дотечува од Светилиштето. Нивниот плод ќе биде за јадење, а лисјата за лек.” 13 Господ Бог зборува вака: „Ова се границите во кои ќе ја поделите земјата во наследство меѓу дванаесетте Израелеви племиња - на Јосифа два дела. 14 Секому од вас ќе му припадне еднакво од земјата за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци, а вам ќе ви припадне во наследство. 15 И така, овие се границите на земјата: на север, од Големото Море патем кон Етлон до влезот во Емат: Седад, 16 Вирот, Сивраим, меѓу областа на Дамаск и областа на Емат, и Асад Атихон, кон Авранската граница. 17 И така, границите ќе се тегнат од морето до Асар Атихон, кому на север му е Дамасканското и Ематското подрачје - северната страна. 18 Источната страна: меѓу Авран и Дамаск, меѓу Галад и Израелевата Земја, па до Јордан како граница кон Источното Море до Тамар - источната страна. 19 Јужната страна: кон југ од Тамара до Меривските Води и до Кадис па до потокот кон Големото Море - јужната страна, кон југ. 20 А западната страна: граница е Големото Море, па во близина до влезот во Емат - тоа е западната страна. 21 Таа земја разделете ја меѓу себе според Израелевите племиња. 22 Ќе ја поделите со жрепка во наследство меѓу себе и меѓу придојдениците, кои што живеат сред вас и што сред вас народија деца. И нив ќе ги сметате домородци меѓу Израелевите синови, за да добијат и тие наследство со жрепка меѓу Израелевите синови. 23 На секој тој придојденик доделете му наследство во племето во кое што живее” - говори Господ Бог.
1 А ова се имињата на племињата: од крајниот север покрај патот за Етлон кон влезот во Емат и Асар Енан, од Дамасканскиот крај на север вдолж Емат, од исток до запад - Дановиот дел. 2 Покрај Дановото подрачје, од исток до запад - Асировиот дел. 3 Покрај Асировото подрачје, од исток до запад - Нефталимовиот дел. 4 Покрај Нефталимовото подрачје, од исток до запад - Манасиевиот дел. 5 Покрај Манасиевото подрачје, од исток до запад - Ефремовиот дел. 6 Покрај Ефремовото подрачје, од исток до запад - Рувимовиот дел. 7 Покрај Рувимовото подрачје, од исток до запад - Јудиниот дел. 8 Покрај Јудиното подрачје, од исток до запад - нека биде задржано подрачјето што ќе Му го принесете на Господа; дваесет и пет илјади лакти во ширина, а во должина како секој друг дел, од исток до запад. Светилиштето нека биде во средина. 9 Тоа задржано подрачје што ќе Му го принесете на Господа, нека биде долго дваесет и пет илјади лакти, широко десет илјади. 10 Тоа свето, принесено подрачје за свештениците нека биде на север дваесет и пет илјади лакти; кон запад широко десет илјади; кон исток широко десет илјади; кон југ долго дваесет и пет илјади. Господовото Светилиште нека биде во средина. 11 А на посветените свештеници, на Садоковите потомци, кои што Ми служеа верно и не застранија, како левитите, кога застранија Израелевите синови: 12 ним ќе им припадне дел од тоа најсвето подрачје на земјата, покрај левитското подрачје. 13 А на левитите, исто како и на свештеничкото подрачје: дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина - вкупно дваесет и пет илјади лакти во должина, десет илјади во ширина. 14 Од тоа ништо не смее да се продаде ни да се замени; врз никого не смее да се пренесува таа првина на земјата, зашто Му е посветена на Господа. 15 Пет илјади лакти во ширина, што ќе останат од оние дваесет и пет илјади, нека биде општо подрачје: за градот, за населбата и за чистината. Градот нека биде во средина. 16 Еве ги мерите: на север четири илјади и пет стотини лакти; на исток четири илјади и пет стотини; на запад четири илјади и пет стотини. 17 А чистината околу градот: двеста и педесет лакти кон север, двеста и педесет кон југ, двеста и педесет кон исток, двеста и педесет кон запад. 18 Што ќе остане во должина, вдолж на светото подрачје - десет илјади лакти кон исток и десет илјади кон запад, вдолж на светото подрачје - тоа нека биде за издржување на оние кои му служат на градот. 19 Тие што му служат на градот ќе се земат од сите Израелеви племиња. 20 И така, сето задржано подрачје - дваесет и пет илјади лакти по дваесет и пет илјади лакти, во четириаголник - ќе Му го принесете на Господа: и светото подрачје и градскиот имот. 21 На кнезот му припаѓа што ќе остане: од обете страни на светото подрачје и на градскиот имот - кон исток дваесет и пет илјади лакти, кон источната страна, и кон запад дваесет и пет илјади лакти, кон западната страна, наспоредно со другите подрачја - сè тоа е за кнезот. А во средината е светото подрачје и Светилиштето на Домот. 22 Од левитскиот имот и од градскиот имот што е во средината, му припаѓа на кнезот; и меѓу Јудиното и Венијаминовото подрачје: и тоа е на кнезот. 23 Другите племиња: од исток до запад - Венијаминов дел. 24 Покрај Венијаминовото подрачје, од исток до запад - Симеоновиот дел. 25 Покрај Симеоновото подрачје, од исток до запад - Исахаровиот дел. 26 Покрај Исахаровото подрачје, од исток до запад - Завулоновиот дел. 27 Покрај Завулоновото подрачје, од исток до запад - Гадовиот дел. 28 Покрај Гадовото подрачје, на јужната страна, кон југ, границата оди од Тамара до Меривските Води и до Кадис, па до потокот кон Големото Море. 29 Тоа е земјата што ќе им ја поделите со жрепка во наследство на Израелевите племиња, тоа се нивните делови” - говори Господ Бог. 30 И еве ги излезите на градот: на северната страна - четири илјади и пет стотини лакти. 31 Градските врати ќе бидат наречени според имињата на Израелевите племиња. Три врати кон север: Рувимовата Врата, Јудината Врата, Левиевата Врата. 32 Кон источната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Јосифовата Врата, Венијаминовата Врата, Дановата Врата. 33 Кон јужната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Симеоновата Врата, Исахаровата Врата, Завулоновата Врата. 34 Кон западната страна: четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Гадовата Врата, Асировата Врата, Нефталимовата Врата. 35 Сè наоколу: осумнаесет илјади лакти. А името на градот ќе му биде: „Јахве Шама” („Господ Е Таму”).
1 Во третата година на царувањето на Јоаким, царот на Јудеја, дојде Навуходоносор, царот на Вавилон, против Ерусалим та го опсади. 2 Господ му ги даде во рацете Јоакима, јудејскиот цар, и дел од садовите во Божјиот дом; тој ги однесе во земјата Сенар и ги сложи садовите во ризницата на својот бог. 3 Царот му нареди на Асфеназа, старешината на своите придворници да доведе од синовите Израелеви неколку момчиња од царски или од благороднички род: 4 нека бидат без недостатоци, убави, вешти во секоја мудрост, добро поучени и бистри, достојни да стојат во царски дворец; Асфеназ нека ги научи на писмото и јазикот на Халдејците. 5 Царот им одреди дневно следување од царските јадења и од виното од својот стол. Нека ги воспитуваат три години, а потоа ќе стојат пред царот. 6 Меѓу нив беа Јудејците: Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. 7 Старешината на придворниците им даде имиња: Даниел ќе се вика Валтазар, Ананиј Седрах, Мисаил Мисах, Азариј Авденаго. 8 Даниел одлучи во срцето дека нема да се оскверни со царските јадења и со виното од неговиот стол, па го замоли дворскиот старешина да го поштеди та да не се оскверни. 9 Господ му даде на Даниела та најде благонаклоност и милост кај старешината на придворниците. 10 Началникот му рече на Даниела: „Се плашам од својот господар царот; тој ви одреди јадење и пиење, па ако види дека вашите лица се помршави отколку во другите момчиња од ваша возраст, јас ќе бидам виновен заради вас пред царот.” 11 Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого старешината на придворниците им го беше одредил на Даниела, Ананија, Мисаила и Азарија: 12 „Те молам, обиди се со своите слуги десет дни: нека ни даваат зеленчук за јадење и вода за пиење. 13 Тогаш ќе видиш какви ќе бидеме ние а какви момчињата кои јадат од царските јадења, па направи со своите слуги според она што ќе видиш.” 14 Тој се согласи и ги остави на испитување десет дни. 15 А по десет дена тие беа поубави и позгоени отколку момчињата кои јадеа од царските јадења. 16 Оттогаш чуварот ги прекрати нивните јадења и дажбата вино што требаа да го пијат, та им даваше зеленчук. 17 На овие четири момчиња Бог им даде знаење и разбирање на сите книги и мудрости. Даниел ги разбираше виденијата и соништата. 18 Откако се исполни времето одредено од царот за да му ги доведат, старешината на придворниците ги воведе пред Навуходоносора. 19 Царот разговараше со нив, и меѓу сите не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. И така тие останаа пред царот. 20 И во сè мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство. 21 Даниел остана таму до првата година на владеењето на цар Кир.
1 Во втората година на Навуходоносоровото владеење, Навуходоносор сонуваше сон: неговиот дух се вознемири заради тоа и сонот го остави. 2 Царот нареди да бидат повикани волшебниците и гаталците, проколнувачите и ѕвездарите за да му го протолкуваат сонот на царот. И така, дојдоа та застанаа пред царот. 3 Царот им рече: „Сонував еден сон, и мојот дух се возбуди од желбата да го разберам сонот.” 4 Халдејците му одговорија на царот на арамејски: „О цару, жив да си довека! Раскажи им го својот сон на своите слуги, а ние ќе ти го откриеме неговото значење.” 5 Царот одговори и им рече: „Мојата одлука е неотповиклива: ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете раскинати во делови, а вашите куќи ќе станат гноиште. 6 Но ако ми го откриете мојот сон и неговото значење ќе добиете од мене дарови и поклони и големи почести. И така откријте ми што сонував и што значи сонот.” 7 Тие одговорија: „Царот нека им го каже сонот на своите слуги, а ние ќе му го откриеме неговото значење.” 8 А царот рече: „Јас знам добро дека сакате да добиете во време, зашто знаете дека мојата одлука е неизменлива. 9 Ако не ми кажете што сум сонувал, значи дека имате намера да ме измамувате со измамливи зборови и со измислици додека некако не помине времето. Затоа, кажете ми го мојот сон, па ќе знам дали ќе можете да ми го кажете и неговото значење!” 10 Халдејците одговорија пред царот: „Нема човек во светот кој би можел да му открие нешто такво на царот. И затоа ниеден цар, ма колку да е голем и силен, не бара такво нешто од волшебниците, гаталците или ѕвездарите. 11 Тоа што го бараш, цару, тешко е, и нема никој што би можел да му го открие тоа на царот освен боговите, кои не живеат меѓу смртниците.” 12 Тогаш царот се разгневи многу и се налути та нареди да ги погубат сите вавилонски мудреци. 13 Откако беше објавена наредбата за да бидат убиени мудреците ги побараа Даниела и неговите другари за да ги погубат. 14 Но Даниел му се обрати со мудри и умни зборови на Ариох, заповедникот на царските телохранители, кој одеше да ги погуби вавилонските мудреци. 15 Тој му рече на Ариох, царскиот заповедник: „Зошто царот издаде толку строга наредба?” Ариох му раскажа на Даниела, 16 а Даниел отиде кај царот и го замоли да му даде време та ќе му го протолкува сонот. 17 И Даниел влезе во својата куќа та им кажа сè на Ананиј, Мисаил и Азариј, на своите другари, 18 за да молат милост од Небесниот Бог заради таа тајна, за да не загинат Даниел и неговите другари со другите вавилонски мудреци. 19 И му се јави тајната на Даниел во ноќно видение. А Даниел го благослови Небесниот Бог. 20 Даниел го прифати словото и рече: „Божјото име да биде благословено одвека довека, Негова е мудроста и силата. 21 Тој ги менува добата и времињата, ги руши и ги поставува царевите, им дава мудрост на мудрите, а знаење на проницливите. 22 Тој ги открива длабочините и тајните, знае што е во темнините и светлината живее во Него. 23 Тебе Те славам и фалам, о Боже на моите татковци, зашто ми даде мудрост и сила! Еве, ми го откри она за што Те молевме, ни го откри тоа што го бара царот.” 24 Даниел отиде кај Ариох, кому царот му нареди да ги погуби вавилонските мудреци. Влезе и му рече: „Не убивај ги вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот па ќе му го протолкувам сонот.” 25 Тогаш Ариох неодложно го приведе Даниела кај царот и му рече: „Најдов човек од заробените синови на Јудеја, кој може да му го открие на царот значењето на сонот.” 26 Царот му рече на Даниела (кој се викаше Валтазар): „Дали си способен да ми кажеш што сонував и што значи сонот?” 27 Даниел одговори пред царот: „Тајната што царот ја истражува не можеа да му ја откријат на царот мудреците, волшебниците, гатачите и проколнувачите; 28 ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата: 29 Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде. 30 Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце. 31 О, цару, ти имаше привид: Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи. 32 Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза, 33 нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина. 34 Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допре рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та го скрши. 35 Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја. 36 Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.” 37 „Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, - 38 во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сè тоа - ти си главата од злато. 39 По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја. 40 А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што сотрува и здробува сè; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства. 41 Стапалата што ги виде, делумно од глина а делумно од железо се поделеното царство; ќе имаат нешто од цврстината на железото според што си видел железо измешано со глина. 42 Прстите на стапалата, делумно железо а делумно глина: царството ќе биде делумно цврсто а делумно кревко. 43 А што си видел железо измешано со глина: тие ќе се мешаат со човечко семе, но нема да се држат заедно, како што ни железото не може да се измеша со глина. 44 Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека - 45 како што виде дека се одвали камен од брегот а да не го допре рака, та ги сотре железото, бронзата, глината, среброто и златото. Великиот Бог му соопшти на царот што има да се случи. Сонот е вистинит, а толкувањето му е веродостојно.” 46 Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниела. Нареди да му принесат подарок и пријатно кадење. 47 И царот му рече на Даниела: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар над царевите, Откривател на тајните, кога можеше да ја откриеше оваа тајна.” 48 Царот го возвиши Даниела и го дарува со многу блескави дарови. Го постави за управител на сета вавилонска покраина и старешина на сите вавилонски мудреци. 49 Даниел го замоли царот да ги одреди за управители на вавилонската покраина Седрах, Мисах и Авденаго, а Даниел остана во царскиот дворец.
1 Царот Навуходоносор одреди да се направи златен кип, висок шеесет лакти и широк шест, и да го постават во рамницата Дура, во вавилонската покраина. 2 Вавилонскиот цар ги повика сатрапите, намесниците, управителите, советниците, благајниците, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраините, да дојдат на свечено откривање на кипот што го подигна царот Навуходоносор. 3 Тогаш се собраа сатрапите, намесниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраинската власт на откривањето на кипот што го подигна царот Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор. 4 Тогаш силно извика гласникот: „О народи, племиња и јазици, еве, што ви се наредува: 5 во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор! 6 Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.” 7 Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор. 8 Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците. 9 Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека! 10 Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип; 11 а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка. 12 А еве, тука се Јудејците кои што ги постави за управители на Вавилонската Покраина: Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се покоруваа на твојата заповед, о цару; тие не им служат на твоите богови, и не му се поклонија на златниот кип што си го подигнал.” 13 Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот. 14 А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав? 15 Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?” 16 Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа. 17 Нашиот Бог Кому Му служиме може да нè избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нè избави. 18 Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.” 19 На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго. 20 Тој нареди да се вжари печката седумпати повеќе отколку обично, и им заповеда на силните луѓе од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печка полна со ражарен оган. 21 И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка. 22 Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. 23 А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка. 24 Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?” Тие одговорија: „Ги фрливме цару!” 25 Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!” 26 Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сèвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!” Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. 27 Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив. 28 Навуходоносор викна: „Благословен да е Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог, Кој го испрати својот ангел и ги избави Своите слуги, оние кои се надеваа во Него та не и се покорија на царската наредба, туку побргу му ги предадоа своите тела на огнот, отколку да му служат или да му се поклонуваат на друг освен на Својот Бог! 29 И така наредувам: О народи, племиња и јазици, секој од вас кој би Го похулил Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог ќе биде раскинат на делови, а неговата куќа ќе биде претворена во гноиште, зашто нема бог кој би можел да спаси како Овој.” 30 Тогаш царот ги возвиши Седраха, Мисаха и Авденаго на високи положаи во Вавилонската Покраина.
1 Навуходоносор, цар на сите племиња, народи и јазици по сета земја: „Да изобилувате со мир! 2 Ми се допадна да ви ги откријам знаците и чудесата што Сèвишниот Бог ги направи врз мене. 3 Колку се големи Неговите знакови! Колку се силни Неговите чудеса! Неговото Царство - е вечно Царство! Неговата власт е за сите поколенија! 4 Јас, Навуходоносор, живеев мирно во својата куќа и среќно во својот дворец, 5 кога видов сон што ме исплаши. Привидите и виденијата што се мотаа во мојата глава, на моето легло ме возбудија. 6 И наредив: да ми ги повикаат сите гаталци вавилонски за да ми кажат што означува сонот. 7 Тогаш дојдоа јасновидците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав својот сон, а тие не знаеја да ми го кажат неговото значење. 8 Тогаш пред мене дојде Даниел, кој е наречен Валтазар според името на мојот бог, и во кого живее Духот на Светиот Бог. Јас му го раскажав својот сон: 9 ‘Валтазаре, старешино на гаталците, знам дека во тебе живее Духот на Светиот Бог и дека ниедна тајна не ти е претешка: еве го сонот што го имав: дај ми го неговото значење. 10 Еве го привидот што ми се моташе во главата на постелата: Погледнав, кога ете едно дрво сред земјата многу високо. 11 Дрвото порасте, стана силно, височината му стигна до небото, се гледаше од краиштата на земјата. 12 Неговата круна беше убава, плодовите изобилни; на него имаше храна за сите, во неговата сенка се одмораа полските ѕверови, врз неговите гранки небесните птици, и секое тело се хранеше од него. 13 Јас ги набљудував виденијата што ми се мотаа во главата на мојата постела кога, ете, Стражар, Светец, слегува од небото, 14 вика со силен глас: „Пресечете го дрвото, искастрете му ги гранките, скинете му ги лисјата, расфрлете ги плодовите! Животните нека се разбегаат од под него и птиците од неговите гранки! 15 Во земјата оставете ги пенушките и корењата во железни и бронзени окови, во полската трева! Нека го мие небесната роса, и земната трева нека ја дели со полските ѕверови! 16 Човечкото срце нека му се смени, нека му се даде животинско срце! Седум времиња нека поминат над него! 17 Така пресудија стражарите, така одлучија светите, за да запознае сè живо дека Сèвишниот има власт над човечкото царство, Тој го дава кому што сака и го поставува над него најништожниот од луѓето!” 18 Ова е сонот што го видов јас, царот Навуходоносор. А ти, Валтазаре, кажи ми го неговото значење, зашто ниеден од мудреците на моето царство не може да ми го каже тоа; ти можеш, зашто во тебе е Духот на Светиот Бог.’” 19 Тогаш Даниел, наречен Валтазар, во миг се смаја и се исплаши во своите мисли. Царот рече: „Валтазаре, не се збунувај од овој сон и од неговото значење!” Валтазар одговори: „Господару мој, овој сон нека им биде на твоите непријатели, и неговото значење на твоите мразители! 20 Дрвото што си го видел, големо е и силно кое стигнува сè до небото и се гледа по сета земја, 21 со убава круна и со изобилни плодови, на кои имаше храна за сите, и под кое се одморуваа полските ѕверови, а на неговите гранки се гнездеа небесните птици: 22 тоа си ти, о цару, кој си голем и силен, величината ти се зголемила и стигнала до небото, а твојата власт до краиштата на земјата. 23 А тоа што царот виде како Стражар, Светец, слегува од небото та зборува: ‘Пресечете го дрвото, раздробете го, но неговата пенушка и корењата оставете ги во земјата, во железни и бронзени окови, во полската трева нека го мие небесната роса и делот нека му биде со полските ѕверови додека не поминат седум времиња над него’ - 24 ова е значењето, о цару, одлуката на Сèвишниот што ќе се исполни врз мојот господар цар: 25 Ќе те протерат од друштвото на луѓето, и ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, тебе ќе те мие небесната роса; седум времиња ќе поминат над тебе додека не познаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека го дава кому што Тој сака. 26 А што е речено: ‘Оставете ги пенушката и корењата’ - твоето царство ќе се обнови штом ќе сознаеш дека небесата ја имаат сета власт. 27 Затоа, цару, мојот совет нека ти биде мил: искупи ги своите гревови со правда и своите беззаконија со милосрдие спрема бедните, за да ти продолжи мирот.” 28 Сè тоа му се случи на царот Навуходоносор. 29 Дванаесет месеци подоцна, шетајќи по вавилонскиот царски дворец, 30 царот велеше: „Не е ли тоа големиот Вавилон што јас го изградив за да ми биде царска престолнина - со силата на својата моќ, за слава на моето величество?” 31 Уште тие зборови беа во неговата уста кога дојде глас од небото: „Тебе ти се објавува, цару Навуходоносору: царството ти е одземено; 32 ќе бидеш протеран од друштвото на луѓето ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, и седум времиња ќе поминат над тебе додека не сознаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека Тој го дава кому што сака.” 33 И веднаш словото се изврши над Навуходоносора: беше протеран од човечкото друштво, јадеше трева како говедата го переше небесната роса; влакната му пораснаа како во лав, а неговите нокти како птичји кан?и. 34 Откако се исполнија одредените денови, јас, Навуходоносор, ги подигнав очите кон небото, разумот ми се врати, тогаш Го благословив Сèвишниот, фалејќи Го и возвишувајќи Го Оној Кој живее довека: Неговото Царство е - Вечно Царство, Неговата власт е за сите поколенија. 35 Жителите на земјата - се како ништо; Тој постапува според Својата волја со небесната војска и со земните жители. Никој не може да ја запре Неговата рака или да Му рече: „Што правиш?” 36 Во истиот час ми се врати разумот, и за слава на мојата царска чест ми се вратија величеството и сјајот; моите советници и големци ме побараа, бев воспоставен во царска чест, и моето величество уште порасте. 37 Сега јас, Навуходоносор, Го фалам, Го возвишувам, и Го славам Небесниот Цар, чии сите дела се вистина, сите патиша правда, и Кој може да ги понижи оние кои одат во гордост.
1 Царот Валтазар им приреди голема гозба на илјада свои големци. 2 Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници. 3 И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници. 4 Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен. 5 Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше. 6 Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго. 7 Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.” 8 Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето. 9 Царот Валтазар се исплаши многу заради тоа, пребледе, а неговите големци останаа збунети. 10 Царицата откако ги чу зборовите на царот и на големците, влезе во гозбената дворница и рече: „Цару, жив да бидеш довека! Твоите мисли нека не се возбудуваат и твоето лице нека не бледнее! 11 Во твоето царство има човек во кого е Духот на Светиот Бог. Уште во времето на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост слична на мудроста на боговите. И затоа царот Навуходоносор, твојот татко, го назначи за старешина на волшебниците, гаталците, ѕвездарите и мудреците. 12 Бидејќи во тој Даниел - кого царот го нарече Валтазар - се најде вонреден дух, знаење, бистрина, вештина да ги толкува соништата, да ги решава гатанките и да ги разрешува тешкотиите, затоа повикај го Даниела, и тој ќе ти го каже значењето.” 13 Го доведоа Даниела пред царот, а царот го праша: „Дали си ти Даниел, еден од јудејските заточеници, кои татко ми, царот ги доведе од Јудеја? 14 Слушам дека Божјиот Дух е во тебе и дека во тебе се: светлината, разумот и вонредната мудрост. 15 Ми ги доведоа мудреците и волшебниците за да го прочитаат ова писмо и да ми го кажат неговото значење, ама тие не се способни да ми ја откријат неговата смисла. 16 А слушам дека ти можеш да дадеш толкување и дека разрешуваш гатанки. И така, ако можеш да го прочиташ ова писмо и да ми го кажеш неговото значење, ќе бидеш облечен во црвено сукно, и ќе носиш златна веришка околу вратот и ќе бидеш трет во царството.” 17 Даниел го прифати зборот и му одговори на царот: „Твоите дарови нека ти останат, и своите поклони дај им ги на други! А јас ќе го прочитам ова писмо на царот и ќе му го кажам неговото значење. 18 О цару, Сèвишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко. 19 Заради величината што му ја даде трепереа од страв пред него народите, племињата и јазиците: тој убиваше според својата волја, го оставаше во живот кого што сакаше, го возвишуваше кого што сакаше, го понизуваше кого што сакаше. 20 Но кога срцето му се издигна и духот се ожесточи до дрскост, тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена. 21 Беше протеран од човечкото општество и неговото срце стана слично на животинското: престојуваше со диви ослици; јадеше трева како вол; небесната роса го миеше неговото тело, додека не созна дека Сèвишниот Бог има власт над човечкото царство и дека го става на чело оној кого што Тој сака. 22 Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сè ова: 23 ти се издигна против Небесниот Господ, нареди да ти ги донесат посатките од Неговиот Храм и пиевте вино од нив, ти, твоите големци, твоите жени и твоите соложници, фалејќи ги боговите од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен кои не гледаат, не слушаат, ниту разбираат, а не Му даде слава на Бога Кој во Својата рака ги држи твојот здив и сите твои патишта. 24 И затоа Тој ја испрати оваа рака, која го напиша ова писмо. 25 А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Уфарсин. 26 А тие зборови значат: Мене: Господ го измери твоето царство и му ставил крај: 27 Текел: беше мерен врз мерилка и најден си прелесен; 28 Уфарсин: твоето царство е разделено и им е предадено на Мидијанците и на Персијанците.” 29 Тогаш Валтазар нареди да го облечат Даниела во црвено сукно, да му обесат златна веришка околу вратот, и да го прогласат за трет во царството. 30 Во таа иста ноќ халдејскиот цар беше убиен. 31 А Мидијанецот Дариј го презеде царството веќе стар шеесет и две години.
1 Му се свиде на Дариј да постави над своето царство сто и дваесет сатрапи, за да бидат над сето царство. 2 На нивно чело им стави три прочелници - Даниел беше еден од нив - на кои сатрапите ќе им полагаат сметки, за да не му се досадува на царот. 3 Даниел се истакнуваше толку со својот вонреден дух над прочелниците и над сатрапите та царот мислеше да го постави над целото царство. 4 Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка. 5 Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.” 6 Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека! 7 Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама. 8 О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!” 9 Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната. 10 Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш. 11 Оние луѓе навлегоа и го најдоа Даниела како Го моли и Го повикува својот Бог. 12 Тогаш отидоа пред царот и се повикаа на царската забрана: „Зар ти не ја потпиша забраната според која секој оној кој, во време на триесет денови, ќе упати молба до некој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама?” Царот одговори: „Така е одлучено според непроменливиот мидиско-персиски закон.” 13 Тогаш му рекоа на царот: „Даниел, оној од јудејските заточеници, не се грижи за тебе, о цару, ниту за твојата забрана што ја потпиша: ја обавува својата молитва три пати дневно.” 14 Откако ги чу тие зборови царот се нажали многу и одлучи да го спаси Даниела. 15 Ама оние луѓе навалија врз царот, велејќи: „Знај, о цару, дека според мидиско-персиски закон ниедна царева забрана или одлука не може да биде отповикана.” 16 Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.” 17 Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела. 18 Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие. 19 Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама. 20 Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?” 21 Даниел одговори: „О цару, да бидеш жив довека! 22 Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.” 23 Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог. 24 Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските. 25 Тогаш царот Дариј им напиша на сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја: „Да изобилувате со мир! 26 Еве ја наредбата што ја донесувам: во сето мое царство луѓето нека се бојат и нека треперат пред Даниеловиот Бог: Тој е жив Бог, Тој останува довека! Неговото Царство нема да пропадне, на Неговата власт и нема крај! 27 Тој избавува и спасува, прави знаци и чудеса на небесата и на земјата! Тој го спаси Даниела од силата на лавовите!” 28 Даниел напредуваше во времето на Дариј и во време на владеењето на Персиецот Кир.
1 Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел сонуваше сон: пророчки виденија во главата на постела. Скратено запиша што сонувал. 2 „Ноќе во видение погледнав: кога ете: четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море. 3 Четири големи чудовишта излегоа од морето, секое поинакво. Првото беше како лав, а крилата му беа орловски. 4 Додека го набљудував, крилата му се искубаа, тоа се крена од земјата и се исправи на нозе како човек, и му беше дадено човечко срце. 5 Кога ете второто чудовиште: ете, сосем поинакво: како мечка, исправена од едната страна, три ребра и беа во устата, меѓу забите. И и беше речено: ‘Стани, најади се месо! 6 Гледав натаму, и ете: третото чудовиште како леопард, на грбот му беа четири птичји крила: имаше четири глави, и му беше дадена сила. 7 Потоа во ноќно видение, погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, вонредно силно: имаше големи железни заби; тоа јадеше здробуваше, а што ќе останеше, го газеше со нозете. Се разликуваше од претходните чудовишта и имаше десет рогови. 8 Му ги набљудував роговите и ете: меѓу нив израсте едно мало роже; и пред тоа роже се откорнаа три поранешни рога. И ете, на тој рог имаше очи како човечки очи, и уста што зборуваше големи хули. 9 Гледав: престолите беа поставени и Прадревниот седна. Облеката му беше како снег, влакната на косата како чиста волна, а Неговиот престол како огнени пламења и колцата како вжарен оган. 10 Огнена река течеше, извираше пред Него. Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред Него, судот седна, книжните свитоци се одвиткаа. 11 Тогаш јас гледав, заради вревата на големите хули што ги зборуваше рогот, и додека гледав, чудовиштето беше убиено, неговото тело раздробено и предадено на оган. 12 На другите чудовишта власта им беше одземена, но должината на животот им беше едно време и рок. 13 Гледав во ноќни виденија: и ете на небесните облаци доаѓа како Човечкиот Син. Тој Му се приближи на Прадревниот, и Го доведоа кај Него. 14 Нему Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, Неговото Царство нема да пропадне. 15 Мене, на Даниел, ми се смути заради тоа сиот дух, виденијата на мојата глава, ме исплашија сиот. 16 Му пристапив на еден од оние кои што стоеја таму и го замолив да ми ја каже вистината за сè тоа. Тој ми одговори и ми го кажа значењето: 17 ‘Оние четири големи чудовишта се четири цара кои ќе се дигнат на земјата. 18 Но од нив царството ќе го преземат Светите на Сèвишниот, и тие ќе го владеат во векови на вековите.’ 19 Тогаш посакав да ја научам вистината за четвртото чудовиште за она што се разликуваше од сите други, беше извонредно страшно, имаше железни заби и бронзени кан?и и кое јадеше и здробуваше и со нозете газеше што ќе останеше; 20 и за десетте рогови што беа на неговата глава, и за другиот рог што израсте додека првите три отпаднаа - за рогот што имаше очи и уста која зборуваше големи хули и што беше поголем од другите рогови. 21 И гледав како овој рог војува против Светите та ги надвладуваше 22 додека не дојде Прадамнешниот, Кој им ја досуди правдата на Светите на Сèвишниот, и додека не дојде време кога Светите го завладеаја царството. 23 Тој рече: ‘Четвртото чудовиште ќе биде четврто царство на земјата, различно од сите царства. Ќе ја голтне целата земја, ќе ја згази и ќе ја здроби. 24 А десетте рогови: Од ова царство ќе настанат десет цареви, а по нив ќе се подигне еден друг различен од оние први - и ќе обори три цара. 25 Тој ќе хули на Сèвишниот, ќе ги сотрува Светите на Сèвишниот; ќе помислува да ги измени времињата и Законот, и Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време. 26 Тогаш Судот ќе седне, ќе му ја одземе власта, ќе ја разурне, ќе ја уништи сосем. 27 А царството, власта и величеството под сите небеса, ќе им се даде на народот на Светите на Сèвишниот. Неговото Царство е вечно Царство, и сите власти ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему.’ 28 Тука се завршува словото. Јас, Даниел, бев мошне потресен во своите мисли, и лицето ми пребледе, но сè ова го запазив во своето срце.”
1 Во третата година на царувањето на Валтазар ми се покажа мене, на Даниел, видение, по она што ми се покажа порано. 2 Го гледав видението, и додека гледав, се најдов во Сусана, цврст град во покраината Елам; и во привидот се видов при реката Улај. 3 Ги подигнав очите, и ете: овен стоеше покрај реката. Имаше два рога: двата рога беа високи, но едниот повисок од другиот, а оној повисокиот израсте после. 4 Гледав како овенот боде кон запад, кон север и кон југ. Ниедно животно не можеше да му устои, ништо не можеше да му избега. Правеше што сакаше, се засили. 5 Додека набљудував, ете: јарец доаѓа од запад врз сета земја, не допирајќи ја почвата; јарецот имаше силен рог меѓу очите. 6 Му се приближи на двороговиот овен, кого го бев видел дека стои покрај реката, и се затрча кон него со сета жестина на својата сила. 7 Видов како му се приближи на овенот; бесно го удри овенот и му ги скрши двата рога, а овенот немаше сила за да даде отпор; јарецот го обори на земјата и почна да го гази; немаше никој да го спаси овенот. 8 Јарецот се засили многу, но кога се засили, големиот рог се скрши, а на неговото место израстеа четири големи рогови кон четирите небесни ветра. 9 Од едниот од нив изби мал рог, ама тој израсте многу кон југ и исток, кон Прекрасната Земја. 10 Тој порасте сè до Небесната Војска, ги обори на земја некои од Војската и од ѕвездите па ги згази. 11 Порасте сè до Заповедникот на Војската, му ја одзеде секојдневната жртва и Му го разори неговото Свето Место. 12 Војската се дигна против секојдневната жртва заради нечесноста, ја обори вистината на земја, и успеа во сè што правеше. 13 Тогаш чув како еден Светец зборува, а втор Светец го праша оној што зборуваше: „До кога ќе трае овој привид за секогашната жртва и за престапот што ги запустува и гази Светилиштето и Војската?” 14 Одговори: „Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено.” 15 Кога јас, Даниел, гледајќи го овој привид, барав да го разберам, ете, пред мене застана како некој човек. 16 Чув човечки глас како вика од сред Улај: „Гаврило, објасни му го тоа привидение!” 17 Тој тргна онаму каде што стоев, и кога ми се приближи, ме опфати страв, и паднав на лице. Тој ми рече: „Човечки сине, разбери: зашто ова видение е за последното време.” 18 Тој зборуваше уште, а јас се обесвестив, паднав на земјата. Тој ме допре и ме исправи на моето место. 19 И рече: „Еве, ќе ти кажам што ќе дојде на крајот на гневот, најавениот свршеток. 20 Овенот што го виде - неговите два рога - тоа се царевите на Мидија и Персија. 21 Влакневиот јарец е царот на Грција; големиот рог меѓу неговите очи е првиот цар; 22 скршениот рог и четирите рога што излегоа на неговото место, тоа се четири царства што ќе излезат од неговиот народ, но не ќе ја имаат неговата сила. 23 И кон крајот на нивното царување кога беззакониците ќе ја исполнат мерата, ќе стане цар, дрзок и лукав. 24 Неговата сила ќе порасте, ама не со своја снага; ќе запустува чудесно, ќе успева во сите свои потфати, ќе ги сотрува јунаците и народот на Светите. 25 Заради неговата лукавост измамата ќе успева во неговата рака. Тој ќе се вознесе во своето срце, ќе упропасти мнозина во мирно време. Ќе Му се противи на Кнезот над кнезовите, ама - не со рака - ќе биде скршен. 26 Привидот за вечерите и за утрата за кои што беше збор, вистинит е; но ти запечати го, зашто е за далечни денови.” 27 Тогаш јас, Даниел, примрев и бев болен повеќе денови. Потоа станав за да ги вршам царските работи. Бев смутен заради привидот, но никој не го узна тоа.
1 Во првата година на Дариј, синот Хасвиров, од родот на Мидијците, кој владееше со Халдејското царство, 2 и така во првата година на неговото царување, јас, Даниел, ги истражував во Писмата бројот на годините, што - според зборовите кои Господ му ги упати на пророкот Еремија - требаа да се исполнат над урнатините на Ерусалим: седумдесет години. 3 Јас го обратив своето лице кон Господа Бога, настојувајќи да се молам и да просам во пост, со вреќиште и со пепел. 4 Јас му се молев на Господа, својот Бог, исповедувајќи се, реков: „Ах, Боже мој, велики и страшен Боже, Кој им го пазиш Сојузот и наклонетоста на оние кои Те љубат Тебе и кои ги пазат Твоите заповеди! 5 Ние согрешивме, ние направивме беззаконие, сторивме зло, се одметнавме и се оддалечивме од Твоите заповеди и наредби. 6 Не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа во Твое име на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, на сиот народ на земјата. 7 Господи, во Тебе е праведноста, а во нас срам на образот, како во овој ден во нас Јудејците, во Ерусалимците, во сиот Израел кои се близу и кои се далеку, во сите земји каде што си ги растерал заради нивните отстапувања со кои отстапија од Тебе. 8 Господи, срам на образот наш, на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, зашто згрешивме против Тебе. 9 Во Господа нашиот Бог е милоста и проштавањето зашто се одметнавме од Него, 10 и не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог, за да ги следиме Неговите закони, што ни ги даде преку Своите слуги, пророците. 11 Сиот Израел го престапи Твојот Закон, се одметна не слушајќи го Твојот глас, затоа врз нас се излеа клетвата и проклетството, како што е запишано во Законот на Мојсеј, Божјиот слуга - зашто згрешивме пред Него. 12 Ги исполни своите слова кои што ги рече за нас и за нашите судии кои ни судеа: навали врз нас тешка несреќа каква што не се случила под небото како што се случи во Ерусалим. 13 Сета оваа беда, како што е запишано во Мојсеевиот Закон, дојде на нас, а ние не го молевме Господа, нашиот Бог: за да се одвратиме од нашите беззаконија па да ја сознаеме Твојата вистина. 14 Господ ја набљудуваше таа беда и ја доведе врз нас. Зашто праведен е Господ, нашиот Бог, во сите Свои дела што ги направи, а ние не го слушавме Неговиот глас. 15 А сега, Господи, Боже наш, Кој со Твојата силна рака го изведе Твојот народ од Египетската Земја - и со тоа си придоби Име кое трае до денес: ние согрешивме, ние направивме зло. 16 Господи, според сета Твоја правда одврати ги Твојот гнев и Твојата јарост од Ерусалим, од Твојот град, од Твојата Света Гора, зашто заради нашите гревови и беззаконијата на нашите татковци, Ерусалим и Твојот народ се за срам на сите кои не опкружуваат. 17 А сега, о Боже наш, послушај ги молитвата на Својот слуга и неговите срдечни молби. Твоето лице нека заблеска над Твоето запустено Светилиште - заради Тебе, Господи! 18 Приклони го Твоето уво, Боже мој, и слушај! Отвори ги очите та погледај ја нашата пустина и градот што се вика со Твоето име! Зашто ние не Те молиме заради својата правда, туку заради Твоите големи милости. 19 Господи чуј! Господи, прости! Господи внимавај и дејствувај! Не се двоуми заради Тебе, Боже мој, зашто со Твоето име се викаат Твојот град и Твојот народ!” 20 Јас зборував уште, молејќи се и исповедувајќи ги моите гревови и гревовите на мојот народ Израел и заколнувајќи го срдечно Господа, мојот Бог, за Светата Гора на мојот Бог. 21 И така додека јас уште зборував молејќи се, оној човек, Гавриел кого го видов во почетокот на привидот, долета со брзо летање, ме допре во времето на вечерниот принос 22 и ме поучи: „Даниеле, еве ме: дојдов да те поучам. 23 Од почетокот на твојата молитва излезе слово, и јас дојдов да ти го навестам. Ти си љубимец. Внимавај добро на словото, разбери го видението. 24 Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот, за да се покрие беззаконието, за да се воведе вечна праведност, за да им се стави печат на привидот и на пророците, за да се помаже Светиот над светите. 25 Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: „Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим па до Кнезот Помазаник ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња. 26 А по шеесет и две седмици Помазаникот ќе биде погубен, но не за себе. Народот на еден кнез кој ќе дојде ќе ги разурнат Градот и Светилиштето: свршетокот им е во пропаст, а до свршетокот војна и одредени запустувања. 27 И ќе склучи сојуз со мнозина за една седмица: а во половината на седмицата ќе прекрати жртвата и приносот: на врвот на Храмот ќе биде грозноста на запустувањето сè до свршетокот, додека одреденото запустување не падне врз запустувачот.”
1 Во третата година на Кир, персискиот цар, на Даниел, наречен Валтазар, му дојде откровение на вистина: голема војна. Тој настојуваше да го разбере словото и разбирањето му беше дадено во привид. 2 Во тие денови, јас, Даниел, жалев три седмици: 3 не јадев течни јадења; месо ни вино не влегуваа во мојата уста, и не се мачкав со масло додека не поминаа трите седмици. 4 Во дваесет и четвртиот ден на првиот месец бев на брегот на големата река Тигар; 5 ги подигнав очите да видам, и ете: Човек облечен во ленена облека околу половината имаше појас од Уфаско злато, 6 телото му беше како хрисолит, лицето како молња, очите како огнени гламни, рацете и нозете како светната бронза, звукот на неговите зборови како врева на многу народи. 7 Единствено јас, Даниел, го гледав овој привид; луѓето кои беа со мене не го видоа, ама ги опфати голем страв та избегаа за да се скријат. 8 Останав сам гледајќи го тоа големо привидение; се обессилив, лицето ми пребледе, се обезобрази, силата ме остави. 9 Го чув гласот на неговите зборови и кога го разбрав гласот, се обесвестив и паднав со лицето на земјата. 10 И ете: ме допре рака и ми помогна да се потпрам врз колената и врз дланките. 11 Тој ми рече: „Даниеле, љубимче, внимавај на зборовите што ќе ти ги речам! Стани, зашто еве јас сум испратен кај тебе.” Тоа го рече, а јас станав треперејќи. 12 И ми рече: „Не бој се Даниеле, зашто од првиот ден кога одлучи да се понизиш пред Својот Бог за да разбереш, твоите зборови се послушани, и јас дојдов заради твоите зборови. 13 Кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден, но Михаел, еден од првите кнезови, ми дојде на помош. Го оставив спроти персиските цареви, 14 а јас дојдов за да ти кажам што ќе му се случи на твојот народ до крајот на деновите. Зашто ќе биде уште еден привид за оние денови.” 15 Откако ми го рече тоа, јас го оборив погледот кон земјата, без зборови. 16 И ете: оној, сличниот на човечките синови, се допре до моите усни. Ја отворив устата за да зборувам та му реков на оној кој стоеше пред мене: „Господару мој, заради овој привид ме опфатија тешкотии, и останав без сила. 17 И како слугата на својот Господар ќе зборува со Господарот, кога сосем се обессилив и ме остави здивот?” 18 Тогаш пак ме допре оној што беше како човек и ме поткрепи. 19 Тој рече: „Не бој се љубимецу! Мир ти тебе! Биди јак! Охрабри се! И додека ми го зборуваше тоа, јас се охрабрив па реков: „Зборувај Господару, зашто ме охрабри!” 20 Тогаш тој рече: „Знаеш ли зошто дојдов кај тебе? Сега ќе се вратам за да се борам против кнезот на Персија; а штом свршам, ќе дојде кнезот на Грција. 21 Ама пред тоа ќе ти откријам што е запишано во Книгата на Вистината. Нема никој кој би се борел со мене против нив, освен Михаел, вашиот кнез,
1 И така во првата година на Дариј мидјанецот му станав поткрепа и закрила. 2 А сега ќе ти ја откријам вистината. Еве: уште три цара ќе станат во Персија: четвртиот ќе биде побогат од другите, па кога ќе се засили заради своето богатство, сите ќе ги подигне против Грчкото царство. 3 Ќе стане јуначки цар, ќе владее со голема власт и ќе прави што ќе му биде волја. 4 А штом ќе се дигне, неговото царство ќе се распадне и ќе биде поделено на четири небесни ветра, ама не меѓу неговите потомци; и не ќе биде веќе толку силно како во времето на неговото владеење, зашто неговото царство ќе биде разурнато и предадено на други, а не ним. 5 Царот на југ ќе стане силен; еден од неговите заповедници ќе биде посилен од него и ќе завладее со поголема сила отколку што е неговата. 6 Неколку години подоцна тие ќе се здружат, а ќерката на царот на Југ ќе дојде кај царот на Север за да склучат договор. Ама таа со тоа нема да ја запази силата на својата мишка, и нејзиното потомство нема да се додржи: ќе бидат предадени таа и нејзината придружба, и нејзиното дете и нејзиниот помогнувач во тие времиња. 7 Но еден подник од нејзиниот корен ќе се подигне на нејзиното место, ќе навали врз војската, ќе навлезе во тврдината на царот на Север, ќе дејствува против нив и ќе ги победи. 8 Па и нивните богови, нивните кипови и нивните скапоцени посатки, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет. Неколку години ќе биде појак од царот на Север, 9 кој тогаш ќе навлезе во царството на Југ од каде ќе се врати во својата земја. 10 Ама тогаш неговите синови ќе се вооружат, ќе соберат силна војска, ќе навалат одлучно и ќе поминат како поплава, потоа пак ќе се заметне војна сè до неговата тврдина. 11 Тогаш царот на Југ ќе се разгневи и ќе завојува против царот на Север; ќе дигне силна војска и ќе ја надвладее неговата војска. 12 Мноштво ќе биде уништено, а тој ќе се возгордее заради тоа; ќе погуби десетици илјади, но нема да се додржи: 13 царот на Север пак ќе крене војска поголема отколку порано, и по неколку години ќе навали со голема, добро опремена војска и со богатство. 14 Во тоа време мнозина ќе се дигнат против царот на Југ; ќе станат и насилниците од твојот народ за да се исполни привидот но ќе пропаднат. 15 Царот на Север ќе дојде: ќе подигне насипи за да заземе еден утврден град. Мишките на југ не ќе одолеат, па ни избраните чети не ќе имаат сила да дадат отпор. 16 Оној ќе навали против него и ќе направи со него како што ќе му се посака - никој не ќе му даде отпор: ќе се запре во Прекрасната Земја, и таа ќе настрада од неговите раце. 17 Откако цврсто одлучи да го добие по секоја цена сето негово царство, ќе склучи со него договор давајќи му една ќерка за жена за да го упропасти, ама нема да успее, тоа нема да се збидне. 18 Потоа ќе се заврти кон островите и многу ќе освои, ама еден заповедник ќе го докрајчи тој срам, ќе му врати срам за срамот. 19 Бргу ќе се заврти кон тврдините на својата земја, ама ќе се сопне, ќе падне, и веќе не ќе се подигне. 20 На неговото место ќе дојде еден кој ќе испрати даночник по најславното во царството, ама за малку време ќе загине без гнев и без војна. 21 На негово место ќе се воздигне ништожник, кому не му припаѓа царска чест. Но тој ќе дојде одненадеж и со сплетки ќе го завладее царството. 22 Пред него ќе бидат преплавени и скршени напаѓачките сили и самиот водач на Сојузот. 23 И покрај спогодбата со него, ќе нападнат предавнички и ќе го совладаат со малку луѓе. 24 Одненадеж ќе навлезе во богати покраини и ќе постапува како што не постапуваа неговите татковци ни татковците на неговите татковци, растурајќи го меѓу своите пленот, грабежот и богатството, ќе смислува завери против тврдите градови, но само за некое време. 25 Ќе ја раздвижи, со голема војска, својата сила и храброст против царот на Југ. Царот на Југ ќе тргне во војна со голема и силна војска, ама не ќе издржи, зашто против него ќе биде направена завера. 26 И тие кои јадеја покрај неговиот стол ќе го погубат: неговата војска ќе биде уништена и мнозина ќе паднат исечени. 27 Обата цара ќе смислуваат зло; седејќи покрај ист стол ќе си зборуваат лаги еден на друг: но не ќе успеат, зашто крајот е одложен до одредено време. 28 Тој ќе се врати во својата земја со големо благо; со срцето против Светиот Завет, ќе го направи своето и ќе се врати во својата земја. 29 Во одредено време пак ќе тргне против Југ, но сега нема да биде како првиот пат. 30 Китимските бродови ќе нападнат на него, и тој ќе се исплаши. Ќе се врати, ќе се разгневи против Светиот Завет и пак ќе се спогоди со оние кои го напуштија Светиот Завет. 31 Неговите чети ќе дојдат и ќе го обесветат Светилиштето на Тврдината, ќе ја укинат секојдневната жртва и ќе ја постават грозноста на запустувањето. 32 Со своите сплетки ќе ги наведат на отпаднување оние кои згрешија против Заветот, но луѓето кои Го љубат Бога ќе се засилат и ќе дејствуваат. 33 Разумните во народот ќе го поучуваат мноштвото, ама едно време ќе ги сотрува со меч, и со оган, со заточение и со грабеж. 34 Додека ги затираат, само неколкумина ќе им помагаат, а мнозина ќе им се придружат измамливо. 35 Некои од разумните ќе настрадаат за да се испитаат, за да се очистат и за да обелат до времето на свршетокот, зашто уште не дојде одреденото време. 36 Царот ќе постапува како што ќе сака, вознесувајќи се и воздигнувајќи се себеси над сите богови: против Бога над боговите ќе зборува хули, и ќе успева додека не се исцрпи гневот - зашто она што е одредено, тоа ќе се исполни. 37 Не ќе се грижи за боговите на своите татковци, ни за љубовта на жените, ниту за кој и да е друг бог: ќе се издига самиот себе над сите. 38 Место нив ќе го почитува богот на тврдините, богот кого не го познаваа неговите татковци, ќе го почитува со злато и сребро, со бесцени камења и со други скапоцености. 39 Ќе навали на тврдините на градовите со помош на туѓ бог: оние кои ќе го признаат него ќе ги опсипе со почести и ќе им даде власт над мноштвото и ќе им дели земја за награда. 40 Во времето на свршетокот царот од Југ ќе завојува со него; царот од Север ќе нападне против него како виор со своите коњи, со своите коњаници и со многу свои бродови. Ќе навлезе во земјите и ќе помине низ нив како поплава. 41 Ќе навлезе во Прекрасната Земја и мнозина ќе паднат. На неговите раце ќе им избегаат Едом и Моав и главнината на Амоновите синови. 42 Ќе ги испружи своите раце по земјите: Египет нема да му избега. 43 Тој ќе ги освои: златното и сребреното благо и сите скапоцености на Египет и Либијците. 44 Но и Етиопците ќе го следат. Ќе го вознемируваат вестите од исток и од север та ќе тргне многу гневен за да го уништи и затре мноштвото. 45 Ќе ги постави своите дворски шатори меѓу морето и Славната Света Гора. Ама и нему ќе му дојде крајот и никој не ќе му помогне.
1 Во она време ќе стане Михаел, големиот кнез кој ги штити синовите на твојот народ. Тоа ќе биде време на страдање какво немаше откако се луѓето па до тоа време. Во тоа време ќе се спаси твојот народ - сите кои ќе се најдат запишани во Книгата. 2 Тогаш ќе се разбудат мнозина кои спиеја во земниот прав; едни за вечен живот а други за срам и вечен презир. 3 Разумните ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и кои ги учеа мнозината на праведност, како ѕвезди довека, во сета вечност. 4 А ти, Даниеле, пази ги во тајност овие зборови и запечати го овој книжен свиток до времето на свршетокот!” 5 Јас, Даниел, погледнав кога ете: други двајца стоеја едниот од едната, другиот од другата страна на реката. 6 Едниот го праша човекот облечен во ленена облека, кој стоеше над водите на реката: „Кога ќе дојде крајот на тие чудеса?” 7 Го чув човекот облечен во ленена облека, кој стоеше над водите на реката; тој ги подигна кон небото десницата и левицата колнејќи се во вечно Живиот. „По едно време, по две времиња и по половина време - кога ќе дојде крајот на распад на силите на светиот народ - сè тоа ќе сврши.” 8 Јас слушнав, ама не разбрав, па прашав: „Господару, како ќе сврши тоа?” 9 Тој рече: „Оди Даниеле, овие зборови се тајна и запечатени се до времето на свршетокот, зашто многумина ќе испитуваат и знаењето ќе се намножи. 10 Мнозина ќе се очистат, ќе обелат и ќе се испитаат; а безбожниците и натаму ќе бидат безбожни; безбожниците нема да се вразумат, а умните ќе разберат. 11 Од часот кога ќе биде укината секојдневната жртва и поставена грозноста на запустувањето: илјада двеста и девеесет денови. 12 Блазе му на оној кој ќе дочека и ќе стигне до илјада триста триесет и пет денови! 13 А ти оди си и одмори се; ќе станеш да го примиш своето наследство на крајот на деновите.”
1 Господовото слово што му дојде на Осија, синот Веириев, во денови на Озија, Јоатам, Ахаз и Езекија, јудејските цареви, во деновите на Еровоам, синот Јоасов, израелскиот цар. 2 Почеток на Господовото слово на Осија. Господ му рече на Осија; „Оди, ожени се со блудница и народи блуднички деца, зашто земјата му се предаде на блудот, одметнувајќи се од Господа.” 3 И тој отиде, ја зеде Гомера, ќерката Димлаимова, која зачна и му роди син. 4 Господ му рече: „Наречи го со името Езраел, зашто уште малку и ќе ги казнам езраелските колежи на Јујевиот дом и ќе го докрајчам царството на Израелевиот дом. 5 И во тој ден ќе го скршам израелскиот лак во Езраелската Долина.” 6 И таа пак зачна и роди ќерка. И Господ му рече: „Наречи ја со името: Непомилувана (Ло-Рухама), зашто отсега нема да ми биде мила Израелевата куќа, ќе се повлечам од неа; 7 а ќе ми замилее Јудината куќа, ќе ја спасам со Господа, со нивниот Бог, а не ќе ја спасам со лак, со меч ни со копје, ни со коњите ни со коњаниците.” 8 Кога ја одби Непомилувана (Ло-Рухама), пак зачна и роди син. 9 И Господ рече: „Наречи го со името Ло-Амиј (Не-Мој- Народ), зашто веќе не сте Мој народ, и Јас веќе не Сум ваш Бог.” 10 А Израелевите деца ќе бидат на број како мроска песок што не може да се измери ни да се изброи. Во место каде што им зборуваат: Вие не сте Мој народ, ќе ги наречат: Синови на Живиот Бог. 11 Ќе се обединат Јудините синови и Израелевите синови, ќе си постават за себе еден главатар и ќе заминат од земјата: зашто голем ќе биде езраелскиот ден.
1 Кажете им на своите браќа: Народу Мој, на своите сестри: Помилувана. 2 Поднесете тужба, поднесете, против својата мајка, зашто таа не ми е жена, а Јас веќе не сум и маж. Нека ги отфрли блудствата од себе и прељубата меѓу своите дојки, 3 за да не ја свлечам гола та да направам да биде како на денот на своето раѓање; за да не ја претворам во пустина, за да не ја претворам во сува земја и за да не ја поморам со жед. 4 Јас нема да и ги милувам децата, зашто тоа се блуднички деца. 5 Да, нивната мајка му се предаде ма блудството, се срамеше она која ги зачна. Да, рече: Ќе трчам по своите љубовници, по нив кои ми ги даваат мојот леб и водата, мојата волна и ленот, маслото и мојот пијалак. 6 Заради тоа ќе и го заградам патот со трња, ќе ја опкружам со ѕид, за да не ги најде веќе своите патеки. 7 И ќе трча по љубовниците, но не ќе ги стигне, ќе ги бара, но не ќе ги најде. Тогаш ќе рече: Одам да му се вратам на првиот маж, зашто посреќна бев порано отколку сега. 8 И таа не разбра дека Јас и давав и жито и вино и масло, дека ја опсипував со сребро и со злато од кое направија идол за Ваала. 9 Затоа ќе го земам назад своето жито во Свое време и Своето вино во вистински час; ќе ги одземам Својата волна и Својот лен со кои требаше да ја покрива својата голота; 10 сега ќе и го откријам срамот пред очите на нејзините љубовници, и никој нема да ја избави од Мојата рака. 11 Ќе им направам крај на сите нејзини веселби; прослави, млади месечини, саботи, и на сите нејзини празници. 12 Ќе и ги запустам лозите и смоквите за кои зборуваше: „Тоа е платата што ми ја дадоа моите љубовници.” Ќе ги претворам во грмушници, и полските животни ќе ги брстат. 13 Ќе ја казнам за Вааловите денови на кои им кадеше, се китеше со гривна и со огрлица и трчаше по своите љубовници; а Мене Ме забораваше - говори Господ. 14 Еве, затоа ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе му проговорам на нејзиното срце. 15 И таму ќе и ги вратам нејзините лозја, и од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж. Таму ќе ми се одѕива таа како во деновите на својата младост, како во времето кога излезе од Египет. 16 Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,” а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.” 17 Ќе и ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата. 18 Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа. 19 Ќе те свршам довека за Себе; Ќе те свршам во правда и справедливост, во добрина и во милост; 20 ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го сознаеш Господа. 21 Во оној ден - говори Господ - ќе им се одѕвијам на небесата, а таа ќе им се одѕвие на земјата; 22 земјата ќе им се одѕвие на житото, на виното и на маслото, а тие ќе му се одѕвијат на Езраел. 23 И ќе ја посеам за Себе во земјата, ќе ја замилувам непомилуваната и ќе му речам на Не-Мој-Народот: „Ти си Мој народ!” а тој ќе рече: „Боже мој!”
1 Потоа Господ ми рече: „Оди пак, љуби ја жената која љуби друг и прави прељуба, како што Господ ги љуби Израелевите деца, додека тие се свртуваат кон други богови и копнеат по колачиња од грозје.” 2 Тогаш јас ја купив за петнаесет сребреници, за гомор и летек јачмен, 3 и и реков: „За многу дни ќе ми останеш повлечена; не ќе блудничиш ниту ќе му се даваш на некој човек, а ни јас нема да пристапувам кон тебе.” 4 Зашто многу денови Израелевите синови ќе останат без цар и без кнез, без жртва и без столб, без наплеќник и без терафими. 5 Потоа, Израелевите синови ќе се вратат; ќе Го бараат Господа, својот Бог, и Давида, својот цар; со страв ќе им пристапуваат на Господа и на Неговите добрини на крајот на деновите.
1 Чујте го Господовото слово, Израелеви синови, зашто Господ спори со жителите на земјата. Нема веќе верност, нема милост, нема познавање Божјо на земјата, 2 туку проклетство и лага, убивање и кражба, прељуба и насилство, една крв ја стигнува другата. 3 Затоа земјата ќе тагува и ќе гинат сите нејзини жители со полските ѕверови и со небесните птици, та ќе гинат и рибите во морето. 4 Сепак нека никој не се препира, нека никој не укорува. Но со тебе треба да се препирам, свештенику. 5 Дење ти ќе се слизнуваш, а ноќе со тебе ќе се слизнува и пророкот; ќе ја погубам твојата мајка. 6 Мојот народ гине: нема знаење; зашто ти го отфрли знаењето, и Јас те отфрлам тебе од Моето свештенство; зашто го заборави Законот на Својот Бог, и Јас ќе ги заборавам твоите синови. 7 Колку повеќе ги имаше, толку повеќе грешеа против мене, својата слава ја заменија со срам. 8 Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, душата им лакоми за неговите беззаконија. 9 И со свештеникот ќе биде како и со народот; ќе го казнам за неговите патишта и ќе му наплатам за неговите дела. 10 Ќе јаде, но нема да се насити, ќе блудствува, но не ќе се размножува, зашто тие прекратија да Му служат на Бога - 11 блудството, пијалаците и виното им го пленија срцето. 12 Мојот народ бара совет од дрво, неговата палка му дава одговори: зашто духот на развратот ги заведува нив, та бегајќи од Својот Бог му се предаваат на блудството. 13 Тие жртвуваат на горските врвови и кадат на ридовите под даб, јаблан и под топола; зашто е толку пријатно под нивната сенка. И затоа, му се предаваат вашите ќерки на блудството, прават прељуба вашите невести, 14 не ќе ги казнам ќерките зашто блудничат, ниту вашите невести зашто прават прељуба; зашто тие сами одат насамо со блудниците и жртвуваат со храмските љубовници. Така, без разум народот оди во пропаст! 15 Ако ти, Израелу, му се предаваш на блудството, барем Јуда нека не греши! И не одете во Галгал, не искачувајте се во Вет Авен, не колнете се „живиот ми Господ.” 16 Зашто како тврдоглава јуница, Израел стана тврдоглав, па како Господ да го спаси сега како јагне во широка ливада? 17 Ефрем се здружи со идолите: Остави го! 18 Одвратно е нивното пијанство, му се предаваат целосно на блудството, нивните кнезови го сакааат срамот. 19 Виорот ќе ги стегне со своите крилја и ќе се засрамат од нивните жртви.
1 Чујте го ова, свештеници, внимавај Израелев дому, царев дому, де послушај, зашто судот е ваш! Вие бевте примка во Миспа и оптегната мрежа во Тавор. 2 Длабока јама ископаа престапниците, но ќе ги казнам сите. 3 Јас го познавам Ефрема не ми е скриен Израел: да, Ефрем, му се предаде на блудството, се оскверни Израелу. 4 Не им даваат нивните дела да Му се вратат на Својот Бог, зашто духот на блудството е меѓу нив; тие не го познаваат Господа. 5 Гордоста на Израел сведочи против него; и Израел и Ефрем ќе паднат од своето беззаконие, и Јуда ќе падне со нив. 6 Ќе оди со овците и со говедата да Го бара Господа и нема да го најде - се оддалечи од нив! 7 Го изневерија Господа: родија копилиња, вжарен ветер ќе ги проголта нивните полиња. 8 Засвирете во рог во Гаваја, во труба во Рама, узбунете го Вет Авен: после тебе, Венијамине! 9 Ќе го запустее Ефрема до денот на казната; меѓу Израелевите племиња Јас известив за тоа. 10 Јудејските кнезови станаа како оние што ги преместуваат меѓите; врз нив ќе го излеам како вода Својот гнев. 11 Ефрем е угнетувач, тој ја гази правдата, зашто му се допадна да оди по ништожество. 12 А јас ќе му бидам на Ефрема како молец, како гнилеж на Јудината куќа. 13 Тогаш Ефрем ја виде својата болест, а Јуда својата рана; и Ефрем тргна во Асирија, Јуда му се обрати на царот Јареб; но тој нема да ве исцели, ниту ќе ви ја залечи вашата рана. 14 Зашто како лав ќе му бидам на Ефрема, како лавче на Јудиниот дом; Јас, Јас ќе раскинам и ќе си отидам, ќе однесам и никој не ќе спаси. 15 Ќе тргнам и ќе се вратам на Моето место, додека не ја признаат вината и додека не го побараат Моето лице; во својата тага тие ќе ме бараат од рано утро:
1 „Ајде да му се вратиме на Господа! Тој раскина, Тој ќе не исцели: Тој нè рани, Тој ќе ни ги завитка раните; 2 по два дни ќе нè оживее, на третиот ден ќе нè подигне, и ние ќе живееме пред Него. 3 Да се стремиме да Го запознаеме Господа; како утринската зора е Неговото јавување. Тој ќе ни дојде како есенски дожд, како пролетен дожд што ја натопува земјата.” 4 Што можам да сторам за тебе, Ефреме? Што можам да сторам за тебе, Јудо? Вашата побожност е како утрински облак, како рана роса што ја снемува. 5 Затоа ги сечев преку пророците и ги убивав со зборовите на Својата уста; но Твојот суд ќе излезе како светлина. 6 Зашто милоста ја сакам, а не жртви, и познавањето на Бога, повеќе од палениците. 7 Но тие како Адама го прекршија заветот и таму Ме изневерија Мене. 8 Галад е злосторнички град, полн со крвави траги. 9 Свештеничката дружба е како разбојничка заседа: убиваат по Сихемскиот Пат; навистина, прават срам! 10 Ужас видов во Израелевиот дом; таму Ефрем му се предава на блудството и се обесветува Израел. 11 И тебе, Јудо, ти одредив жетва, кога ќе ја свртам судбината на Својот народ.
1 Кога сакам да го лечам Израел, се открива Ефремовото беззаконие и злобата на Самарија; тие се занимаваат со измама: крадецот провалува во куќата, а надвор напаѓаат разбојници. 2 И тие не велат во своето срце дека Јас го помнам сето нивно беззаконие! Но сега нивните дела ги опколија, тие стојат пред Моето лице. 3 Го веселат царот со својата злоба, а кнезовите со својата подмолност. 4 Сите тие се прељубници, како вжарена печка што пекарот веќе не ја вжарува кога ќе го замеси тестото па додека не скисне. 5 Во денот на нашиот цар кнезовите се разболеа од жестокоста на виното, а тој им ја испружува раката на пијаните. 6 Во завера срцето им се вжарува како печка; нивната јарост дрема цела ноќ, наутро се разгорува како огнен пламен; 7 сите се распалиле како печка та ги проголтуваат своите судови. Сите нивни цареви паднаа, а ниеден од нив не Ме повика. 8 Ефрем се меша со народите, Ефрем е погача што не ја превртија. 9 Туѓинците ја јадат неговата сила, а тој тоа и не го знае! Седите коси му ја обелија главата, а тој тоа и не го знае! 10 Израелевата гордост е понижена во нивните очи и тие не се враќаат кај Господа, својот Бог, и покрај сè тие не Го бараат! 11 Ефрем е како наивен гулаб и без срце: тие го повикуваат Египет, одат во Асирија. 12 Каде и да одат, ќе ја распнам Мојата мрежа врз нив, ќе ги оборам како небесните птици, ќе ги казнам како што слушале во нивното собрание. 13 Тешко им ним зашто избегаа од Мене! Гибел за нив зашто се побунија против Мене! Сакам да ги откупам, а тие лажат против Мене. 14 Тие не Ме повикуваат од срце кога лелекаат на своите легла; го раскинуваат своето лице заради житото и виното, ама се бунат против Мене. 15 Додека Јас им ја крепев мишката, тие смислуваа зла против Мене! 16 Се завртуваат кон ништожествата, тие се како измамливиот лак. Заради дрскиот јазик кнезовите ќе им паднат од меч, тоа ќе им биде потсмев во Египетската Земја!
1 Трубата на уста, како стражарот на Господовиот Дом; зашто тие го престапија Мојот Завет, го престапија Мојот Закон. 2 Ми викаат Мене: „Те познаваме, Боже Израелев.” 3 Ама Израел го отфрли доброто, непријателот ќе го гони. 4 Поставуваа цареви без Мене, бираа кнезови без Мое знаење. Од своето сребро и злато си направија лажни богови, за да бидат уништени. 5 Го отфрлив твоето теле, Самаријо, Мојот гнев се распламте против нив. До кога ќе останат нечисти Израелевите синови? 6 Некој уметник го направи, и тоа не е Бог. Самариското теле ќе се претвори во делови. 7 Посеаја ветер, и ќе пожнеат бура; житото не ќе им из’ртее, не ќе даде брашно; и ако даде, ќе го изедат туѓинци. 8 Израел е проголтан, еве го меѓу народите како нескапоцена посатка; 9 зашто отидоа кај Асирецот, кај дивото осле што живее само! Ефрем ги дарува љубовниците. 10 Само нека ги дарува, сега ќе ги распрснам меѓу народите: и наскоро ќе се растреперат под товарот на царот на кнезовите. 11 Ефрем ги умножи жртвениците, тие му послужија за грев. 12 Да му напишам и илјади Свои закони тие ќе ги сметаат за туѓи. 13 Нека ги жртвуваат закланиците што Ми ги принесуваат, нека јадат месо! На Господа не Му се угодни. Отсега ќе ги спомнува нивните беззаконија и ќе ги казнува нивните гревови: тие ќе се вратат во Египет. 14 Израел го заборави својот Творец и си изгради дворци; Јуда ги умножи цврстите градови. Ќе пуштам оган врз нивните градови; огнот ќе му ги голтне дворците.
1 Не радувај се, Израелу, не воскликнувај како другите народи; му се предаде на блудството, зашто, откако го остави Својот Бог, ја засака блудничката плата по сите гумна. 2 Ни гумното ни кацата не ќе ги хранат, и младото вино ќе ги измами. 3 Не ќе живеат веќе во Господовата Земја, Ефрем ќе се врати во Египет и ќе јадат нечисти јадења во Асир. 4 Не ќе Му налеваат веќе вино на Господа, ниту ќе Му ги принесуваат своите жртви; лебот ќе им биде како леб на жалост, и ќе биде нечист кој ќе го јаде; зашто нивниот леб е само за нив, нема да влезе во Господовиот Дом. 5 Што ќе правите во празничен ден, во денот на Господовиот собир? 6 Зашто, еве како отидоа пред запустувањето; Египет ќе ги прифати, Мемфис ќе ги погребе, копривата ќе ги наследи нивните сребрени блага, нивните шатори ќе зарастат во трње. 7 Дојдоа деновите на казната! Дојдоа деновите на одмаздата! Израел нека знае! Пророкот е луд, вдахновениот блада! Заради твоето големо беззаконие и заради големата омраза. 8 Ефрем е стражар покрај Мојот Бог; пророкот - стапица за птици на сите негови патишта, соблазна - во куќата на неговиот Бог. 9 Паднаа во длабока расипаност како во деновите на Гаваја; Господ ќе си спомне за нивните беззаконија и ќе ги казни нивните гревови. 10 Го најдов Израел како грозје во пустината, ги видов вашите татковци како ран плод на смоквата; тие дојдоа во Вел Фегор, му се посветија на срамот и станаа грозотии како нивните љубимци. 11 Ефремовата слава одлета како птица: од раѓањето, од утробата, од зачнувањето. 12 Но иако ги одгледаат своите синови, ќе ги одземам пред добата на мажеството, да, тешко им ним кога ќе ги оставам! 13 Ефрем е како да го гледам Тир посаден во нива, но Ефрем ќе ги води своите деца на колење. 14 Дај им, о Господи! А што да им дадеш? Дај им утроба што не раѓа, исушени гради. 15 Во Галгал е сета нивна злоба, таму ги замразив. Заради нивните лоши дела, ќе ги истерам сите од Својата куќа, не ќе ги љубам веќе, сите кнезови им се одметници. 16 Ефрем е поразен, им се исуши коренот; не ќе има род. И ако им се родат деца, ќе им го умртвам милиот плод на утробата. 17 Мојот Бог ќе ги отфрли зашто не Го послушаа; и ќе скитаат меѓу народите.
1 Израел беше бујна лоза, таа донесуваше богат плод. И колку повеќе му се раѓаа плодови, толку повеќе ги умножуваше жртвениците; колку побогата му беше земјата, толку понакитени столбови подигаше. 2 Нивното срце е поделено, ќе го исплатат тие тоа! Тој ќе им ги сруши жртвениците, ќе им ги искрши нивните столбови. 3 Тогаш ќе речат: „Ние немаме цар зашто не се боевме од Господа. Та што би сторил тој? 4 Истуруваат зборови, се колнат лажно, склучуваат сојузи; а судот цвета како отровни билки во браздите на полето. 5 За ветавенското теле треперат жителите на Самарија; да, заради него тагува неговиот народ, неговите свештеници тажат над него, над неговата слава, зашто е протерана од него. 6 А самиот него ќе го одвлечат во Асирија за дар на големиот цар. Срам ќе го опфати Ефрема, Израел ќе се црвенее заради својата одлука. 7 Самарија е уништена. Нејзиниот цар ќе исчезне како пена врз површината на водата. 8 Ќе бидат разурнати срамните високи места, Израелевиот грев; трње и чички ќе растат по нивните жртвеници. Тогаш ќе им зборуваат на ридовите: „Покријте не!” и на бреговите: „Паднете на нас!” 9 Грешете повеќе отколку во гавајските денови, Израелу! А и да застанеа таму, не ќе ли ги стигнеше војната како гавајските беззаконици? 10 Ќе ги казнам, како што ќе ми се допадне: народите ќе се соберат против нив за да ги казнат за двојно беззаконие. 11 Ефрем е добро научена јуница, која сака да врши; убавиот врат ќе и го ставам во јарем, ќе го впрегнам Ефрема. Јуда ќе ора, Јаков ќе ги крши грутките. 12 Сејте правда, ќе пожнеете љубов; расчистувајте нови земји: време е да Го барате Господа, додека не дојде и да ви дожди со правда. 13 Оравте безбожност, жнеевте беззаконие, јадевте плод на измама. Се надеваше на својата кола и во мноштвото свои јунаци, 14 затоа бојната врева ќе се разлева низ твоите градови, и сите тврдини ќе ти бидат разурнати како што Салман го разурна Вет Арвел во воен ден, кога мајката ја погубија со нејзините деца. 15 Еве што ви направи Ветил зашто потонавте во зло: во зората ќе го снема за секогаш израелскиот цар!
1 Додека Израел беше младенец Јас го љубев, го повикав Мојот син од Египет. 2 Но колку повеќе го викав, се подалеку одеа од Мене; им жртвуваа на вааловите идоли, им кадеа на киповите, 3 а Јас го учев Ефрема да оди, држејќи го за неговите раце; но тие не сознаа дека се грижев за нив. 4 Ги привлекував со човечки јажиња, со врските на љубовта; им бев како оној, кој во нивната челуст ја олабавува уздата; се наведнував над него и му давав да јаде. 5 Тој ќе се врати во Египетската Земја, Асирецот ќе му биде цар, зашто не сакаше да се врати кај Мене. 6 Мечот ќе почне да беснее низ неговите градови, ќе ги погуби неговите младенци; ќе голта заради неговите помисли. 7 Мојот народ е наклонет кон отпаѓање, иако го повикуваат кон Вишниот, никој нема да го исправи. 8 Како да постапам со тебе Ефреме, како да те предадам Израелу! Дали да постапам со тебе како со Адма? Дали да постапам со тебе како со Севоим? Моето срце Ми се врати во Мене, милосрдието Ми пламна: 9 Не ќе му дадам веќе замав на гневот, не ќе го сотрувам пак Ефрема, зашто Јас Сум Бог, а не човек; Светец сред тебе - не ќе доаѓам веќе гневен! 10 Тие ќе одат по Господа, Тој ќе го даде Својот глас како лав; а кога ќе го даде својот глас неговите синови ќе дојдат весело од запад; 11 ќе дојдат како птици од Египет, како гулаби од Асирската Земја, и ќе ги населам по нивните куќи. говори Господ. 12 Ефрем ме опколи со лага, и Израелевиот дом со измама. А и Јуда уште Му е непостојан на Бога, на верниот Светец.
1 Ефрем се храни со ветер, трча по источниот ветер, цел ден, се повеќе се неговите лаги и насилства. Склучуваат сојуз со Асирија, носат масло во Египет. 2 Господ има парница со Израел, ќе го казни Јакова според постапките, ќе му врати според неговите дела. 3 Уште во мајчината утроба го истисна братот, во машката сила се бореше со Бога. 4 Се бореше со Ангел и го надвладеа, плачеше и го молеше. Го најде во Ветил и таму Бог зборуваше со него, 5 да, Господ, Бог над Воинствата, Господ е Неговото име. 6 И така, врати Му се ти на својот Бог, чувај ги љубовта и справедливоста и надевај се секогаш во својот Бог! 7 Во раката на Ханан е крива мерилка, тој сака да задржува. 8 И Ефрем рече: „Само се збогатив, натрупав благо.” Но од сета печалба ништо не ќе му остане, зашто згреши со беззаконија. 9 Јас Сум Господ, твој Бог, од Египетската Земја, уште ќе ти дадам да живееш под шатори, како во деновите на Средбата; 10 ќе им зборувам на пророците, ќе ги умножам виденијата и ќе ги учам преку зборовите на пророците. 11 Галад е навистина беззаконие, сама суета; во Галгал жртвуваат бикови; затоа жртвениците ќе им бидат како куп камења во полските бразди. 12 Јаков избега во Арамскиот Крај, Израел служеше за жена, за една жена чуваше стада. 13 Но преку пророк Господ го изведе Израел од Египет, и преку пророк Тој го чуваше. 14 Ефрем Го навреди прегорчливо: затоа ќе остане врз него, неговиот Господ ќе му ги врати хулите.
1 Кога зборуваше Ефрем, задаваше страв, зашто тој беше првенец во Израел, но згреши со Ваала и загина. 2 И сега уште грешат тие правејќи си идоли од сребро, идоли според својата замисла: сите тие се дело на ракотворец! Ним - велат - жртвувајте им, луѓето нека ги целиваат телињата! 3 Затоа тие ќе бидат како утрински облак, како роса што ја снемува бргу, како плева разнесена од гумното, како дим што излегува низ отворот. 4 А Јас Сум Господ, твој Бог сè од Египетската Земја: не љуби друг Бог освен Мене! Нема Спасител освен Мене. 5 Јас те љубев во пустината, во сувата земја. 6 Јас ги пасев, и беа сити; наситените срца им се вообразија; и така Ме заборавија. 7 Затоа ќе им бидам како лав, како леопард што дебне на патот; 8 како мечка на која и ги грабнаа мечињата, Јас ќе се фрлам на нив, ќе им ги раскинам градите до срцето; како лав ќе го изедам нивното месо, полските ѕверови ќе ги растргаат. 9 Ќе те уништам, Израелу, и кој ќе ти помогне? 10 Та каде ти е царот за да те спаси, каде се твоите кнезови за да те бранат - оние за кои зборуваше: „Дај ми цар и кнезови!” 11 Во Својот гнев ти дадов цар, и во расрденост ти го земам. 12 Добро се чува Ефремовото беззаконие, неговиот грев добро е пазен во скривалиште. 13 Врз него дојдоа родилни болки, ама тој е лудо чедо, не излегува на време од мајчината утроба! 14 Јас ќе ги избавам од власта на пеколот, ќе ги спасам од смртта! Смрт, каде е твоето осило? Гробу, каде е твојата победа? За тоа нема да се покајам. 15 Така е плоден Ефрем меѓу браќата, но ќе дојде источен ветер, Господов ветер од пустината: ќе му ги исуши изворите, ќе му ги пресуши кладенците, ќе му ја ограби ризницата, ќе му го однесе благото. 16 Самарија ќе биде запустена зашто се побуни против Својот Бог. Тие ќе паднат од меч, нивните младенци ќе бидат погубени, ќе им ги распорат нивните трудни жени.
1 Израелу, врати се кај Твојот Господ Бог, зашто падна заради Твоето беззаконие. 2 Земете ги со себе зборовите и обратете се кон Господа. Речете Му: „Одземи го од нас беззаконието и прими го за добро и ние ќе Ти дадеме благодарни приноси од своите усни. 3 Асирецот нема да нè избави, и не ќе јаваме веќе коњи, ниту ќе му зборуваме на делото на своите раце: „Боже наш!” - зашто сирачето наоѓа милост во Тебе.” 4 Ќе ги исцелам од нивното отпаѓање, ќе ги љубам од сето срце, зашто Мојот гнев се одврати од нив. 5 Ќе му бидам како роса на Израел; тој ќе цвета како лилјан, ќе пушти корен како на Ливан, 6 ќе ги шири гранките далеку, славата ќе му биде како на маслината, мирисот како Ливан. 7 Пак ќе се врати во Мојата сенка, ќе ја одгледува својата пченица, ќе ги одгледува лозјата што ќе го добијат името на ливанското вино. 8 Ефреме, што имаш ти уште со идолите? Јас го послушав и го погледав. Јас Сум како зелениот чемпрес: преку Мене си плодоносен со плодови. 9 Кој е мудар нека го сфати ова, и разумниот човек нека сознае! Зашто Господовите патишта се прави: праведниците одат по нив, а грешниците паѓаат на нив.
1 Словото Господово дојде до Јоила, синот Фатуилов. 2 Чујте го ова, старци, послушајте, сите жители на земјата! Дали некогаш било нешто вакво во вашите денови или во деновите на вашите татковци? 3 Речете им го ова на вашите синови, вашите синови на своите синови, а нивните синови на идното колено. 4 Што остави гасеницата, го изеде скакулецот, што остави скакулецот, го изеде црвецот, што остави црвецот, го дојаде бубачката. 5 Разбудете се, пијаници, и плачете! Сите винопијачи, тажете по ново вино: зашто ви е земено од устата. 6 Зашто мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како лавски заби, катниците како во лавица. 7 Ми ја запусти виновата лоза и ги искрши моите смокви, ги олупи и ги расфрла, гранките им побелеа. 8 Плачете како девици облечени во вреќиште по својот вереник. 9 Ги снема лебните приноси и налевницата од Господовиот Дом. Тажат свештениците, Господовите слуги. 10 Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши. 11 Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва. 12 Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови. 13 Свештеници, препашете вреќиште и плачете! Службеници на жртвеникот, тажете! Дојдете, преноќевајте во вреќиште, служители на мојот Бог! Зашто од Домот на нашиот Бог ги снема лебниот принос и налевницата! 14 Одредете осветен пост, прогласете свечен собир; старешини, соберете ги, сите жители на земјата во куќата на Господа, вашиот Бог. Извикајте кон Господа: 15 О каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како гибел од Сèвишниот. 16 Не исчезна ли храната пред нашите очи? Нели ги снема веселбата и радоста од Домот на нашиот Бог? 17 Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се спремите, зашто снема жито. 18 Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната. 19 Кон Тебе, Господи, викам? Зашто огнот ги спали пустинските пасишта, пламенот ги изгоре сите полски дрва. 20 Па и полските дрва копнеат по Тебе, зашто потоците пресушија, огнот ги спали пустинските пасишта.
1 Трубете во труба на Сион! Дајте тревога на светата ми гора! Нека треперат сите жители на земјата, зашто доаѓа Господовнот ден. Да, тој е близу. 2 Ден полн со мрак и темнина, облачен и темен. Како зора по горите се шири јак и многуброен народ, каков немаше никогаш порано. ниту ќе го има некогаш до најдалечните времиња. 3 Пред нив огнот изедува, по нив пламенот голта. Земјата е како рајска градина пред него, а по него тажна пустина. Ништо не му бега. 4 Личат на коњи, трчаат како коњаници. 5 Бучат како бојна кола, скокаат по горските врвови, потпукнуваат како огнен пламен кога ја изедува нивата со тврдо зрно, како силна војска во боен ред. 6 Пред нив треперат народите и секое лице пребледнува. 7 Скокаат како јунаци, се искачуваат на ѕидовите како војници. Секој оди право напред, не отстапува од својот пат. 8 Не се стискаат еден друг, туку секој оди по својата патека. Паѓаат од стрели, не прекинувајќи ги редовите. 9 Се спуштаат врз градот, скокаат на ѕидовите, се искачуваат на куќите и влегуваат низ окната како крадец. 10 Пред нив се тресе земјата, небото трепери, сонцето, месечината потемнуваат, на ѕвездите им гасне блесокот. 11 И Господ ќе испрати Свој глас пред Своето воинство. Зашто сосем многубројна е Неговата војска, силен извршител на Неговата заповед. Да, величествен е Господовиот ден и многу страшен. Кој ќе го истрпи? 12 „Но и сега - Господово е словото - вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање.” 13 Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Бога, вашиот Бог, зашто Тој е добар и многумилостив, Тој ќе се сожали на бедата. 14 Кој знае не ќе ли се нажали пак, не ќе ли остави благослов зад Себе! Лебниот принос и налевници за Господа, вашиот Бог! 15 Свирете во рог на Сион! Наредете свет пост, огласете свечен собир, 16 соберете го народот, осветете го соборот. Соберете ги старците, приберете ги децата, па и доилчињата од градите. Младоженецот нека излезе од свадбената соба, а невестата од ложницата. 17 Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’” 18 Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ. 19 Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите. 20 Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.” 21 О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела. 22 Полски ѕверови, не бојте се; пасиштата во пустината се зеленеат пак, овошките даваат род, смоквата и лозата носат изобилство. 23 Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш. 24 Гумната ќе бидат полни со жито, каците ќе се прелеваат од вино и масло. 25 „Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, гасеницата, црвецот и бубачката, Мојата силна војска што ја испратив против вас. 26 Ќе јадете изобилно, ќе јадете до ситка, ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој постапуваше чудесно со вас. Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе. 27 Ќе знаете дека Сум сред Израел, дека Јас Сум Господ, ваш Бог, и никој друг. Мојот народ нема да се засрами. 28 По ова ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија. 29 Па и на слугите и на слугинките ќе го излеам Мојот Дух во оние денови. 30 Ќе покажам знаци на небото и на земјата, крв и оган и столбови дим. 31 Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, пред да настапи Господовиот Ден, голем и страшен. 32 Сите што го повикуваат Господовото име ќе бидат спасени, зашто спасението ќе биде на гората Сион и во Ерусалим, како што рече Господ, а меѓу преживеаните оние кои Господ ќе ги повика.
1 „Зашто ете, во оние денови и во она време, кога ќе им го вратам пленството на Јудеја и на Ерусалим, 2 ќе ги соберам сите народи и ќе ги поведам во долината Јосафат. Таму ќе им судам заради Израел, Мојот народ и Моето наследство, кое го растераа меѓу народите и ја разделија меѓу себе Мојата земја. 3 Фрлија жрепка за Мојот народ, даваа дечиња за блудници продаваа девојки за вино и пиеја.” 4 „И вие, Тире и Сидоне, што сакате од Мене? И вие филистејски цареви? Сакате ли да ми се одмаздите? Ако Ми се одмаздувате Мене одмаздата ќе падне бргу на вашите глави. 5 На вас што ми го одзедовте среброто и златото, што ги однесовте Моите богати ризници во вашите храмови, 6 на вас кои им ги продававте на Грците, синовите на Јуда и на Ерусалим за да ги истерате од нивната родина. 7 Ете, Јас ќе ги подигнам од местото, каде и да ги продадовте, и ќе направам вашето злосторство да падне на главите ваши. 8 Ќе им ги продадам вашите синови и ќерки на Јудините синови, а тие ќе им ги продадат на Савејците, далечен народ. Зашто Господ рече!” 9 Разгласете го ова меѓу народите: „Пригответе се за војна! Подигајте јунаци! Напред, нападнете, сите војници! 10 Прековете ги ралата во мечеви, срповите во копја, слабиот нека рече: ‘Јунак сум!’” 11 Побрзајте и дојдете, сите околни народи, и соберете се онаму! (Господи, испрати ги онаму Твоите јунаци). 12 „Станете народи, дојдете во Долината Јосафат, зашто таму ќе седнам да им судам на сите околни народи. 13 Фаќајте се за српот: жетвата е зрела. Станете, слезете, бочвата е полна, каците се прелеваат, зашто е голема нивната нечесност.” 14 Мноштво, мноштво, во Долината на Пресудата! Зашто е близу Господовиот Ден, во Долината на Судот! 15 Сонцето и месечината ќе потемнат, ѕвездите ќе ја изгубат својата светлина, 16 Господ ќе загрми од Сион, ќе дига глас од Ерусалим; небото и земјата ќе се тресат. Ама Господ ќе биде заштита на Својот народ и заштита на синовите на Израел. 17 „Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ ваш Бог, Кој престолува на Сион, на Мојата Света Гора. Ерусалим ќе ти биде светилиште, туѓинец веќе не ќе мине низ него.” 18 Кога ќе дојде тој ден, горите ќе капат слатко вино, од бреговите ќе тече млеко, водата ќе затече низ сите речни корита во Јудеја. Извор ќе бликне од Господовата куќа за да ја напои Ситимската Долина. 19 „Египет ќе запустее, Едом ќе стане безживотна пустина заради насилствата извршени врз Јудините синови, зашто пролеаја невина крв, во нивната земја. 20 Јудеја ќе биде населена довека и Ерусалим во сите колена. 21 Ќе ја одмаздам нивната крв за која уште не се одмаздив. И Господ ќе пребива на Сион.”
1 Зборовите на Амос, пастир од Текое. Неговите виденија за Израел во доба на јудејскиот цар Озиј и Еровоам, синот на Јоас, израелски цар, на две години пред земјотресот. 2 Тој вели: „Господ грми од Сион, гласот Му се разнесува од Ерусалим; сточарските пасишта жалат, и се суши врвот на Кармил.” 3 Господ зборува вака: „За три злостори на Дамаск, за четири злочини, одлуката е неотповиклива: зашто го вршеа Галад со железни орудија. 4 Ќе пуштам оган на Азаиловиот дом за да ги изгори Вен-Ададовите дворци; 5 ќе му ги скршам лостовите на Дамаск ќе ги истребам жителите на Викат-Авен и жезлоносецот од Бет-Еден; арамскиот народ ќе отиде во ропство во Кир,” говори Господ. 6 Господ зборува вака: „За три злостори на Газа, за четири злочини, одлуката е неотповиклива: зашто одведоа сè во ропство и му го предадоа на Едом, 7 ќе пуштам оган врз ѕидовите на Газа за да и ги изгори дворците. 8 Ќе ги истребам азотските жители и жезлоносецот од Аскалон. ќе испружам рака врз Акарон за да загине филистејскиот Остаток,” говори Господ Бог. 9 Господ зборува вака: „За три злостори на Тир, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто му ги предаде сите заточеници на Едом и не се сетија за братскиот сојуз. 10 Ќе пуштам оган на ѕидовите на Тир за да ги изгори нивните дворци.” 11 Господ зборува вака: „За три злостори на Едом, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто го гонеше братот со меч, задушувајќи ја својата сомилост, зашто го распламтуваше секогаш својот гнев, зашто го поттикнуваше својот бес. 12 Ќе пуштам оган на Теман за да ги изгори дворците во Восор.” 13 Господ зборува вака: „За три злодејства на Амоновите синови за четири злостори, одлуката е неотповиклива: зашто ги распарува галадските трудници за да ги рашират своите граници, 14 ќе запалам оган на ѕидовите на Рава за да и ги изгори дворците, со бојна врева во ден на војна, со бури во ден на виори, 15 а царот ќе им отиде на заточение, тој и неговите кнезови со него,” говори Господ.
1 Господ зборува вака: „За три злосторства на Моав, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто коските на едомскиот цар ги спалија во вар. 2 Ќе пуштам оган на Моав за да ги изгори кариотските дворци, а Моав ќе умре во метеж, со бојна врева и со звукот на труба; 3 ќе го истребам судијата во него и ќе ги умртвам сите кнезови со него,” говори Господ. 4 Господ зборува вака: „За три злодејства на Јуда, за четири злосторства, одлуката е неотповиклива: зашто го отфрлија Господовиот Закон и не се придржуваа за Неговите одредби; ги заведоа лажните богови по кои одеа нивните татковци, 5 ќе пуштам оган на Јуда, за да ги изгори ерусалимските дворци.” 6 Господ зборува вака: „За три злостори, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто го продаваа праведникот за сребро и бедниот за лесни обувки; 7 зашто газат по главата на сиромавиот, и бедните ги водат на зло. Синот и таткото одат кај истата девојка за да го обесветат Моето свето име; 8 и врз облеките земени во залог лежат покрај секој жртвеник; и пијат вино на обвинетите во домот на своите богови. 9 Јас ги истребив пред нив Аморејците високи како кедар, силни како дабјето, Јас го уништив и плодот на нив и коренот под нив. 10 Јас ве изведов од Египетската Земја и четириесет години ве водев по пустината за да ја завладеете Аморејската Земја. 11 Јас издигнав пророци од вашите синови и назирејци меѓу вашите младинци. Не е ли така, Израелеви синови?” говори Господ. 12 „Но вие ги натеравте назирејците да пијат вино, а на пророците им заповедавте: ‘Не пророкувајте!’ 13 Ете, Јас ќе ве притискам до земјата, како што притиска кола полна со снопје, 14 не ќе има богатство за брзиот, силата не ќе го зацврсти силниот, јунакот не ќе се спаси, 15 стрелецот не ќе се додржи, итриот тркач нема да избега, ниту јавачот ќе побегне, 16 најхрабрите јунаци ќе бегаат голи во оној ден,” говори Господ.
1 Чујте го Израелеви синови ова слово кое Господ го зборува против вас, против секој род што го изведов од Египетската Земја: 2 „Само вас ве познав меѓу сите земни племиња, затоа ќе ве казнам за сите ваши гревови.” 3 Одат ли двајца заедно ако не се договорат? 4 Рика ли лавот во гората ако нема плен? Пушта ли лавчето глас во дувлото ако ништо не улови? 5 Паѓа ли птицата на земјата ако нема клопка на неа? Се дига ли мрежата од земјата ако ништо не се фати? 6 Труби ли трубата по градот ако Господ не ја испрати? 7 Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги - пророците. 8 Лавот рика: кој не ќе се исплаши? Господ Бог зборува: кој не ќе пророкува? 9 „Разгласете го ова по асирските дворци и по дворците во Египетската Земја; речете: „Соберете се на планините на Самарија, погледајте го големиот неред во неа и угнетувањето сред неа. 10 Зашто не знаат да прават право,’ говори Господ. ‘Во дворците натрупуваат насилство и угнетување.’” 11 Затоа Господ Бог зборува вака: „Непријателот ќе ја опколи земјата, ќе ги разурне твоите тврдини, ќе ги ограби твоите дворци.” 12 Господ зборува вака: „Како кога пастирот ќе истрга две листни коски или делче од уво од лавската уста, така ќе се истргаат Израелевите синови кои седат во Самарија на работ на постелата и на леглата.” 13 Чујте и посведочете против Јакововиот дом - говори Господ Бог, Бог над Воинствата: 14 „Во оној ден кога ќе го казнам Израел за злосторите ќе ги казнам и ветилските жртвеници; роговите на жртвеникот ќе се скршат и ќе паднат на земјата. 15 Ќе ги разурнам зимската куќа и летната куќа, ќе пропаднат куќите од слонова коска. Многу куќи ќе исчезнат!” говори Господ.
1 Чујте го ова слово васански крави, што престојувате во Самариската Гора, ги угнетувате немоќните, ги измачувате бедните, им зборувате на мажите: „Донеси да пиеме!” 2 Господ Бог се заколна во Својата светост: „Ете, ви доаѓаат денови кога ќе ве извлекуваат со куки, а последната од вас со јадици. 3 Ќе излегувате низ проломи, не обѕрнувајќи се никаде, и ќе бидете фрлени кон Ермон,” говори Господ. 4 „Отидете само во Ветил и грешете, во Галгал и множете ги своите гревови! Принесувајте жртви секое утро, и десетини секој трет ден. 5 Палете го тестото стасано за жртва благодарница, прогласете доброволни жртви, разгласете ги, зашто тоа го сакате, Израелеви синови,” говори Господ Бог. 6 „Затоа дадов да ви останат забите чисти во сите ваши градови, ве оставив без леб во сите ваши села; па сепак не се обрнавте кон Мене - говори Господ. 7 Ви го скратив и дождот на три месеци пред жетвата; го пуштив да паѓа на еден град, ама не и на друг; едно поле ќе се наквасеше, а другото - врз кое не пуштив дожд - ќе се исушеше. 8 Така два три града скитаа во третиот за да пијат вода, но не можеа да се напијат, па сепак не се обрнавте кон Мене - говори Господ. 9 Ве удрив со суша и со метлика, ви ги исушив градините и лозјата, скакулците ви ги изедоа смоквите и маслинките, па сепак не се обрнавте кон Мене - говори Господ. 10 Испратив помор на вас, како египетскиот помор; вашите младинци ги погубив со меч, а коњите ви беа одведени како плен; ви ги наполнив носалките со смрдеа од вашиот логор, па сепак не се обративте кон Мене - говори Господ. 11 Ве разурнав како што Бог ги разурна Содом и Гомор, бевте како гламна истргана од оган па сепак не се обративте кон Мене - говори Господ. 12 Затоа, Израеле, вака ќе постапам со тебе, и бидејќи така ќе постапам со тебе, подготви се, Израеле, да го пресретнеш својот Бог! 13 Зашто, ете, Тој ги создава планините го создава ветерот, му ја открива на човекот Својата мисла, Тој ги создава зората и мракот, и се искачува на врвот на земните височини, Господ, Бог над Војските, е Неговото име.
1 Чујте го ова слово што го изнесувам против вас, тажачката, Израелев доме: 2 Падна и веќе не стана израелската девица. Таа лежи на своја земја, и нема никој да ја дигне. 3 Зашто Господ Бог му зборува вака на Израелевиот дом: „Во градот од кој излегуваа илјада, ќе останат сто, од кој излегуваа сто, ќе останат десет.” 4 Зашто Господ му зборува вака на Израелевиот дом: „Барајте Ме Мене и ќе живеете. 5 Не барајте го Ветил, не одете во Галгал, не патувајте во Вирсавеа, зашто Галгал ќе биде одведен во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо. 6 Барајте Го Господа и ќе живеете, или како оган ќе ја зафати Јосифовата куќа и ќе ја изгори, а во Ветил не ќе има никој да го угасне пламенот. 7 Тешко им на оние кои ја претворуваат правдата во пелин, кои ја фрлаат чесноста во прав!” 8 Тој ги направи Плеадите и Орион, Тој го обрнува мракот во зора, а денот во најгуста ноќ. Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата. Господ Му е името. 9 Одненадеж и праќа гибел на крепоста и и носи пропаст на тврдината. 10 Го мразат човекот што дели правда при вратата, и го корат оној што зборува чесно. 11 Затоа, бидејќи го угнетувате сиромашниот, истргнувајќи од него данок во жита, во куќите што ги создадовте од делкан камен никогаш не ќе живеете; од пријатните лозја што ги посадивте никогаш не ќе пиете вино. 12 Зашто знам многу ваши злостори, и вашите преголеми гревови. Го угнетувате праведникот и примавте поткуп, одбивајќи го сиромашниот при градската врата. 13 Мудрецот молчи во ова време, зашто времињата се толку лоши. 14 Барајте го доброто, а не злото, за да живеете, и за да биде Господ, Бог над Воинствата, навистина со вас како што велите дека е. 15 Мразете го злото, љубете го доброто, пазете ја правината, при градската врата, па можеби Господ, Бог над Воинствата, ќе му се смилува на Јосифовиот остаток. 16 Затоа Господ зборува вака, Бог над Воинствата, Господ: „На секоја улица ќе има плач: По сите патишта ќе викате: ‘Леле! Леле!’ Ќе ги повикаат земјоделците за да лелекаат, тажачите за да тажат, 17 ќе има плач во секое лозје, зашто ќе поминам сред тебе,” говори Господ. 18 Тешко ви вам што копнеете по Господовиот ден! Што ќе ви биде Господовиот ден? Темнина, а не светлина. 19 Ќе ви биде како на оној што и избега на лавската уста, а мечката го сретна; како оној што влезе во куќа и ја стави раката на ѕид, а змија го касна. 20 Не ќе ли биде Господовиот ден темнина, а не светлина? Мрак, а не сончев блесок? 21 „Ги мразам и ги презирам вашите празници и веќе не ми се мили вашите свечености. 22 Кога ми принесувате паленици, вашите лебни приноси не Ми се мили, на жртвата благодарница од вашите згоени телиња и не погледнувам. 23 Отстранете го од Мене шумот на своите песни, не сакам да ги слушам звуците на вашите псалтири. 24 Правдата нека потече како вода, и справедливоста како силна буица. 25 Дали Ми принесувавте жртви и приноси во пустината четириесет години, Израелев доме? 26 Ќе го носите Сикут, својот цар, и Кеван, својот бог, ѕвездата на твоите богови, што си ги направивте за себе. 27 Затоа ќе ве преселам во Дамаск,” зборува Господ; Бог над Војските е името Негово.
1 Горко им на безгрижните на Сион и на „спокојните” на Самариската Гора, наречени „првина на народите,” на кои им се обратува Израелевиот дом. 2 Тргнете во Хална и видете, отидете оттаму во Големиот Емат, слезете во Филистејскиот Гат. Дали им е подрачјето поголемо од вашето? 3 Мислите: далеку е кобниот ден, и ја приближувате власта на насилството. 4 Лежејќи врз легла од слонова коска, навалени на постелите, јадат јагниња од стадото и телиња од стајата. 5 Викаат покрај звукот на псалтирот, измислуваат свирки како Давид, 6 пијат вино од врчви и се мачкаат со најдобро масло, но за Јосифовото паѓање не се грижат. 7 Затоа сега првите ќе бидат протерани, ќе молкне веселбата на раскошниците. 8 Господ се заколна Сам Себеси и вака говори Господ, Бог над Воинствата: „Се гнасам од Јакововата гордост, и ги мразам неговите дворци, ќе ги предадам градот и сè во него.” 9 Ако останат и десет луѓе во една куќа, ќе умрат. 10 Роднината и горачот ќе се фатат да ги изнесат коските од куќата; ако некој би го прашал оној во аглот на куќата: „Остана ли уште некој со тебе?” Тој ќе одговори: „Не! Тишина! Господовото име не смее да се спомне.” 11 Зашто, ете, Господ заповеда, и голема куќа се разурнува во делчиња, малата куќа се распукнува во делови. 12 Трчаат ли коњите по стрмните карпи? Дали се ора морето со волови? Вие ја претворувате правдата во отров, а плодот на справедливоста во пелин. 13 Вие му се радувате на Ло-Дабар кога велите: „Не го зазедовме ли со своја сила Карнаим?” 14 „Ха, еве, Израелев доме, подигам против тебе - говори Господ, Бог над Воинствата - народ што ќе ве угнетува од Ематскиот Влез до Пустинскиот Поток.”
1 Еве што ми покажа Господ Бог: ете, создаде скакулци кога прекосот почна да никнува, прекосот по главното косење. 2 Кога го изедоа сиот земјин посев, реков: „Господи Боже, прости, Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?” 3 И Господ се нажали за тоа: „Не ќе биде,” рече Господ. 4 Еве што ми покажа Господ Бог: ете, Господ Бог го повика огнот да казнува; веќе ја изеде големата бездна и токму почна да го голта полето. 5 А јас реков: „Застани, Господи Господи, Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?” 6 И Господ се нажали за тоа: „Ни ова не ќе биде,” рече Господ Бог. 7 Еве што ми покажа Господ, Господ: ете, човек стои на ѕидот во раката му е висулец. 8 „Што гледаш Амосе?” праша Господ. „Висулец,” реков. Тогаш Господ рече: „Еве ќе го измерам со висулецот Мојот Израелски народ; не ќе го штедам веќе. 9 Ќе ги разурнат Исаковите високи места, ќе запустат израелските светилишта, и со меч ќе станам против Еровоамовата куќа.” 10 Амасиј, ветилскиот свештеник, му порача на израелскиот цар Еровоам: „Амос се завери против тебе сред Израелевиот дом; земјата веќе не ќе може да ги поднесува неговите зборови. 11 Зашто тој зборува вака: ‘Еровоам ќе загине од меч, а Израел од својата земја ќе биде одведен на заточение.’” 12 Амасиј му рече на Амоса: „Оди си гледачу! Бегај во Јудината Земја, таму јади леб и таму пророкувај! 13 Ама во Ветил веќе да не пророкуваш, зашто ова е царско светилиште, царски дом.” 14 „Не бев пророк ни пророчки син - му одговори Амос на Амасија - бев сточар и одгледував диви смокви: 15 Но Господ ме зеде од стадото и Господ ми рече: ‘Оди пророкувај му на Мојот народ Израел.’ Сега чуј го Господовото слово: Ти велиш: 16 ‘Не пророкувај против Израел, не пророкувај против Исаковиот дом. ‘ 17 Затоа Господ зборува вака: ‘Твојата жена ќе блудствува по градот, твоите синови и ќерки ќе паднат од меч, твојата земја ќе биде поделена со јаже, ти ќе умреш на нечиста земја, а Израел ќе отиде во заточение од својата земја.’”
1 Еве што ми покажа Господ Бог: ете, кошница со летни плодови: 2 „Што гледаш Амосе?” ме праша. „Кошница со зрели плодови,” реков. Тогаш Господ ми рече: „Мојот Израелски народ дозреа за пропаст; не ќе го штедам веќе. 3 И храмските певици ќе ридаат во тој ден - говори Господ Бог, - ќе бидат многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде, молчејќи.” 4 Слушајте го ова, вие што ги газите сиромасите и што ги сотрувате бедните во земјата! 5 Велите: „Кога ли ќе помине новата месечина, за да го продадеме житото, и саботата, за да тргуваме со пченицата. Намалувајќи ја ефата, зголемувајќи го сикалот, да измамуваме со криви мерилки, 6 за да го купиме сиромашниот за сребреници, бедниот за лесни обувки, и за да ги продаваме триците од житото.” 7 Господ се заколна во Јакововата Слава: „Не ќе заборавам довека ниедно ваше дело.” 8 Не ќе ли се стресе од тоа земјата, не ќе ли зажалат сите нејзини жители, не ќе ли се издигне сета како Нил, не ќе ли се спушти како Египетската Река? 9 Во тој ден - говори Господ Бог - ќе направам сонцето да зајде на пладне, и ќе ја затемнам земјата сред бел ден. 10 Ќе ги обрнам вашите празници во жалост и сето ваше пеење во плач; ќе го облечам во вреќиште секое бедро, и ќе ја обескосам секоја глава. И ќе биде како кога се тажи по единец, и што ќе остане, ќе биде како ден на горчливост.” 11 „Еве, доаѓаат денови - говори Господ Бог - кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа. 12 Ќе скитаат од море до море, талкајќи од север до исток барајќи го Господовото слово, ама не ќе го најдат. 13 Во оној ден убавите девојки и младинци ќе примираат од жед. 14 Оние кои се колнат во самарискиот грев и се заколнуваат: ‘Така да биде жив твојот бог, Дане!’ и: ‘Така да биде жив твојот Љубимец Вирсавео!’ Тие ќе паднат и никогаш не ќе станат.”
1 Го видов Господа како стои над жртвеникот и говори: „Удри го надвратникот, за да се стресат праговите, и скрши ги над главите на сите, а кои ќе останат од нив ќе ги погубам со меч. Никој не ќе избега, никој не ќе се спаси. 2 Ако се забијат и во подземјето, мојата рака ќе ги откорне. Ако се искачат и на небото, оттаму ќе ги слезам. 3 Ако се скријат и на врвот на Кармил, ќе ги најдам и ќе ги фатам. Ако се скријат од Мојот поглед на морското дно, ќе му заповедам на змевот да ги изеде. 4 Ако отидат и на заточение пред непријателот, и таму ќе му наредам на мечот да ги сосече; ќе ги насочам очите кон нив, но за несреќа, не за добро.” 5 Господ, Бог над Војските, Тој ја допира земјата, и таа се тресе, и сите жители на неа ќе затажат; се издига сета како Нил, и се спушта како Египетската Река. 6 Тој си создаде престол на небесата, и Својот свод го основа на земјата; Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата - Господ е името Негово. 7 „Израелеви синови, не сте ли за Мене како и Кушаните - говори Господ. Не го изведов ли Јас Израел од Египетската Земја, како Филистејците од Кафтор, и Арамејците од Кир? 8 Ете, очите на Господа Бога насочени се кон грешното царство, ќе го избрише од лицето на земјата. Сепак нема да го сотрам сосем Јакововиот дом - говори Господ. 9 Зашто, ете, ќе дадам заповед и ќе го расеам Израелевиот дом меѓу сите народи, како што се сее жито во решето, за да не падне ни зрнце на земја. 10 Сите грешници од Мојот народ ќе паднат од меч, сите кои ќе речат: ‘Не е близу и нема да нè стигне несреќа.’ 11 Во оној ден ќе ја подигнам распаднатата Давидова колиба, ќе и ги затворам пукнатините, ќе ги поправам разурнатите места, пак ќе ја соѕидам како во стари времиња, 12 за да го освојат остатокот на Едом и на сите народи над кои е повикано Моето име - говори Господ Бог, Творецот на сè тоа. 13 Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога орачот ќе го стигнува жетварот, и гмечителот на грозјето - сејачот, кога планините ќе потечат со младо вино, и сите ридови ќе се прелеваат со него. 14 Ќе ја свртам судбината на Мојот народ Израел: ќе ги обноват разурнатите градови и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе им го пијат виното, ќе ги засадат градините и ќе го јадат нивниот плод. 15 Ќе ги посадам во нивната земја, и никогаш веќе не ќе се откорнат од земјата која им ја дадов,” вели Господ, твојот Бог.
1 Авдиево видение. Господ Бог зборува вака за Едом: Ја чувме веста од Господа, гласник беше испратен меѓу народите, „Станувајте, да тргнеме во бој против него!” 2 Зашто ете, ќе те направам најмал меѓу народите, многу презрен. 3 Гордоста на твоето срце те заведе, тебе што живееш во камени пештери, во својот висок стан, и зборуваш во своето срце: ‘Кој ли ќе ме слезе на земја?’ 4 Да се извисиш како орел, да свиткаш гнездо меѓу ѕвездите, и оттаму ќе те слезам - говори Господ. 5 Ако дојдат крадци при тебе или ноќните разбојници, - како ли ќе бидеш разурнат! - Не ќе ли те искрадат колку што им е доста? Ако дојдат гроздоберачите кај тебе, зар не ќе го остават доберокот? 6 Како ли беше претресен Исав, како му беа пребарани скриените му блага! 7 Те спотераа до границата, сите твои сојузници, луѓето, што живееја во мир со тебе, те измамија! Оние што го јадат твојот леб, ти ставија стапица: ‘Нема разбирање во него!’ 8 Во оној ден - говори Господ - не ќе ли ги уништам мудреците од Едом и разумот од Исавовата гора? 9 Твоите јунаци, Темане, ќе ги опфати ужас, и последниот ќе биде истребен со колеж од Исавовата Гора. 10 За насилството над својот брат Јаков срам ќе те покрие, и ќе бидеш истребен засекогаш. 11 Во оној ден кога стоеше настрана, додека туѓинците му ја однесуваа војската во ропство, додека странците влегуваа низ неговите порти и фрлаа жрепки за Ерусалим, ти беше како еден од нив. 12 Не требаше да гледаш во денот на брата си, во денот на неговата несреќа. Не ликувај над јудејските синови во денот на нивната пропаст. Не отворај ја гордо својата уста во денот на неволја. 13 Не требаше да влегуваш во портата на Мојот народ во денот на неговата несреќа. Не се насладувај на неговото зло во денот на неговата несреќа. Не испружувај ги рацете на неговиот имот во денот на неговата несреќа. 14 Не требаше да стоиш на раскрсниците за да ги истребиш неговите бегалци. Не ги затворај неговите преживеани во денот на неволја. 15 Зашто близу е Господовиот ден за сите народи. Како што си направил, така ќе ти направат, твоите постапки ќе ти се вратат на твојата глава. 16 Да, како што вие пиевте на светата Ми гора, ќе пијат сите народи непрекратно, ќе пијат и ќе локаат - и ќе бидат како никогаш да не ги било. 17 Но на гората Сион ќе бидат спасените, ќе стане света, и Јакововиот дом повторно ќе го земе во посед своето наследство. 18 Јакововиот дом ќе биде оган, Јосифовиот дом пламен, Исавовиот дом слама. Ќе го потпалат и ќе изгори и од Исавовиот дом не ќе остане никој - зашто Господ го рече тоа. 19 Негевските жители ќе ја наследат Исавовата гора, а рамнините, Филистејската земја; ќе ги наследат Ефремовиот крај и Самарискиот крај, а Венијамин ќе го наследи Галад. 20 И некогаш заточената војска на Израелевите синови ќе го наследи Ханаан сè до Сарепта; ерусалимските заробеници што се во Сефарад ќе ги наследат негевските градови. 21 Избавителите ќе се искачат на гората Сион, за да и судат на Исавовата гора. И тогаш Царството ќе биде на Господа.
1 Господовото слово му дојде на Јона, синот Аматиев и му рече: 2 „Стани, оди во Нинивија, град голем, и викај против него, зашто нивното зло се воздигна пред Моето лице.” 3 А Јона стана за да побегне во Тарсис, од Господовото присуство. Слезе во Јафа и најде брод што пловеше во Тарсис. Го плати возењето и слегна во него за да отплови со нив во Тарсис, далеку од Господовото присуство. 4 Но Господ фрли голем ветар на морето, и стана голема бура во морето, та мислеа дека бродот ќе се разбие. 5 Морнарите се исплашија; секој го повика својот бог, и за да го олеснат, го фрлаа во морето товарот што беше во бродот. Јона пак беше слегол на дното на бродот, легнал и заспал со цврст сон. 6 Заповедникот на бродот му пристапи и рече: „Што е со тебе, спанко? Стани и повикувај Го својот Бог! Можеби Тој Бог ќе си спомне за нас за да не загинеме.” 7 Потоа си рекоа едни на други: „Ајде да фрлиме жрепки, за да видиме заради кого ни дојде ова зло.” Фрлија жрепка, и жрепката падна на Јона. 8 Тогаш тие му рекоа: „Кажи ни: заради кого ни дојде ова зло, со каква работа се занимаваш? Откаде доаѓаш, од која земја си и од кој народ?” 9 Тој им одговори: „Јас сум Евреин и се бојам од Господа, небесниот Бог, Кој ги направи морето и копното.” 10 Мажите се исплашија многу и му рекоа: „Што е тоа што го направи!” Зашто беа узнале дека тој бега од Господовото присуство, и самиот им го раскажа тоа. 11 Тие го прашаа: „Што да направиме со тебе за да ни се смири морето?” Зашто морето стануваше сè побурно. 12 Тој им одговори: „Земете ме и фрлете ме во морето, па ќе ви се смири морето, зашто знам дека заради мене се крена на вас ова голема бура.” 13 Но мажите веслаа за да се вратат на копното но не беа способни, зашто морето се креваше сè побесно против нив. 14 Тогаш го повикаа Господа и рекоа: „Господи, Ти се молиме, Ти се молиме, не оставај да загинеме заради животот на овој човек и не навалувај врз нас невина крв, зашто Ти о Господи, си направил како што ти е мило.” 15 И го зедоа Јона, и го фрлија во морето, и морето престана да беснее. 16 Тогаш мажите се уплашија од Господа со голем страв, та Му принесоа жртва на Господа и направија заклетви. 17 Господ беше определил голема риба да го проголта Јона. Јона беше во рибината утроба три дни и три ноќи.
1 Тогаш Јона се помоли на Господа, својот Бог, од рибината утроба. 2 Тој рече: Во својата неволја извикав кон Господа и Тој ме послуша; извикав од утробата на Подземјето, и Ти ми го чу гласот. 3 Ти ме фрли во длабочината, во срцето на морето, и водата ме опкружи. Сите Твои поплави и бранови минаа преку мене. 4 Реков: ‘Отфрлен сум од пред Твоите очи. Но сепак ќе погледнам повторно кон Твојот свет храм.’ 5 Водите ме опкружија дури до душата моја, бездната ме опколи. Тревите ми ја завиткаа главата, 6 слегов до корењата на планините. Околу мене беа засекогаш земните лостови. Но Ти извади го од јама мојот живот, О Господи, Боже мој. 7 Кога изнемогна душата моја во мене, си спомнав за Господа, и мојата молитва влезе при Тебе, во Твојот свет храм. 8 Оние кои се придружуваат кон суетните идоли, ја оставаат својата добродушност. 9 А јас ќе ти принесам жртва со гласот на фалба. Што се заветував, ќе исполнам. Спасението е од Господа.” 10 Тогаш Господ и заповеда на рибата, и таа го изблува Јона на копното.
1 Господовото слово му дојде вторпат на Јона и му рече: 2 „Стани, оди во Нинивија, голем град, и прогласи ја проповедта во него што ќе ти ја речам.” 3 Јона стана и отиде во Нинивија, според Господовото слово. Нинивија беше многу голем град - три дни одење. 4 Јона кога почна да влегува во градот ден одење, проповедувајќи, велеше: „Уште четириесет денови, и Нинивија ќе биде уништена.” 5 И нинивијците поверуваа во Бога; огласија пост и се облекоа во вреќишта, сите од најголемиот до најмалиот. 6 Словото стигна до царот на Нинивија, тој стана од престолот, ја соблече плаштеницата од себе, се облече во вреќиште и седна во пепел. 7 Тогаш по одредбата на царот и на неговите големци се огласи и се објави во Нинивија: „Луѓето и добитокот, говедата и овците да не вкусат ништо, ниту да пасат, ниту да пијат вода. 8 Туку и луѓето и добитокот да се покријат со вреќишта, да повикуваат силно кон Бога и секој да се одврати од својот лош пат и од насилствата што се во нивните раце. 9 Кој знае, можеби Бог ќе се смилува и ќе се одврати од Својот лут гнев за да не загинеме?” 10 Бог ги виде нивните дела: дека се обратија од својот лош пат. И Господ се сожали заради несреќата со која им се беше заканил да ја направи, и не ја направи.
1 На Јона му беше многу криво, и се налути. 2 И Му се помоли на Господа и рече: „О, Господи, не го зборував ли тоа уште додека бев во својата земја? Затоа сакав да избегам во Тарсис; зашто знаев дека Ти си милостив и добар Бог, спор на гнев и богат со милосрдие, и дека се сожалуваш над несреќата. 3 Сега, Ти се молам Господи, земи го мојот живот од мене, зашто ми е подобро да умрам отколку да живеам.” 4 Господ одговори: „Лутиш ли се со право?” 5 Јона излезе од градот и седна на исток од градот; и си направи таму колиба и седна под неа во ладовина, додека не види што ќе стане со градот. 6 А Господ Бог определи една тиква да се издигне над Јона и да му направи сенка на неговата глава, та да го избави од неговата неволја, Јона и се зарадува многу на тиквата. 7 Но утреден, при осамнувањето Бог определи црв да ја подгризе тиквата, и таа се исуши. 8 Кога огреа сонцето, Бог определи врел источен ветер и сонцето ја вжештуваше Јонината глава, те сосем се истошти. Посака со сета своја душа да умре и рече: „Подобро ми е да умрам, отколку да живеам.” 9 И Бог го праша на Јона: „Лутиш ли се со право заради тиквата?” Тој одговори: „Со право сум лут, дури до смрт.” 10 Господ му рече: „Тебе ти е жал за тиквата околу која не се трудеше, ниту направи да израсте, туку во една ноќ никна и во една ноќ се исуши. 11 А Мене да не Ми е жал за Нинивија, голем град, во кого има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат да ја разликуваат десната рака од левата, а покрај тоа и многу животни?”
1 Господово слово упатено на Моресетецот Михеј во времето на Јоатам, Ахаз и Езекија, јудејски цареви. Неговите виденија за Самарија и Ерусалим. 2 Чујте, народи, вие сите! Слушај земјо и сè што те исполнува! Господ Бог ќе сведочи против вас - Господ од Својот свет Храм! 3 Зашто, еве: Господ излегува од Своето свето место, слегува и оди по земските височини. 4 Горите се растопуваат под Неговите чекори и долините се распукуваат под Неговите чекори и долините се распукуваат како восок пред оган, како водата што се разлева низ стрмнината. 5 Сè е тоа Јакововото злосторство и за гревовите на Израелевиот дом. Кое е Јакововото злосторство? Не е ли Самарија? Кои се Јудините високи места? Не е ли Ерусалим? 6 „Ќе направам од Самарија грутки куп во полето, на место за садење лозје. Ќе ги растркалам нејзините камења во долината, ќе и ги откријам основите. 7 Ќе се искршат на парчиња сите нејзини резани ликови, сета блудничка плата ќе и биде изгорена со оган, ќе ги запустам сите нејзини идоли, зашто се насобрани од блудничка плата, и пак ќе се вратат на блудничка плата.” 8 Затоа ќе плачам и ќе заридам, ќе одам гол и необлечен, ќе вијам како шакалите, ќе пискам како ноевите. 9 Зашто нема лек за нејзината рана, стига сè до Јуда, ја допира вратата на Мојот народ, сè до Ерусалим! 10 Не јавувајте го тоа во Гат, не плачете воопшто! во Вит-Афра, тркалајте се во прав! 11 Заминувај срамно разголена сафирска жителке! Од својот град не излезе сананската жителка! Оплакувањето на Вет-Езил ќе ја зема поткрепата од вас. 12 Како може да и се надева на среќата маротската жителка? Зашто несреќата слегува од Господ сè до Ерусалимската Врата. 13 Впрегнете брзи коњи во бојни коли, лахиски жителки! Тоа беше почеток на гревот на Сионската Ќерка, зашто во тебе се најдоа Израелевите злосторства. 14 Затоа ќе му дадеш проштални дарови на Моресет-Гат, ахсивските домови ќе ги измамат израелските цареви. 15 Уште ќе ти доведам наследник жителке на Марис, ќе стигне до Одолам Израелевата слава. 16 Корни ја косата и истрижи се заради своите мили деца! Стани ќелава како орелот мршар, зашто ќе одат далеку од тебе во ропство.
1 Тешко им е на оние што смислуваат беззаконие и што подготвуваат зло на своите постели! Штом ќе се раздени, тие го извршуваат, зашто силата е во нивната рака. 2 Посакаат ли полиња, ги одземаат и куќи, ги земаат; им прават насилство на човекот и на неговата куќа, на сопственикот и на неговото наследство. 3 Затоа Господ зборува вака: „Еве, му смислувам зло на тој род, од кое не ќе ги извлечете вратовите, ниту ќе одите горделиво, зашто ќе биде лошо време. 4 Во оној ден ќе биде составена пословица за вас, ќе се запее тажачка и ќе се рече: ‘Пропадна! сосем сме запустени, наследството на мојот народ е оттуѓено, и никој да му го врати, нашите ниви поделени им се на другите народи.’” 5 Затоа не ќе има никој, кој би определил граница за твојот дел во Господовиот собир. 6 „Не пророкувајте, пророци; не пророкувајте им, срамот не ќе се отстрани! 7 О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар Духот Господов е ограничен? Зарем такви Му се делата? Зборовите Мои зар не прават добро на оној кој оди праведно? 8 Вие сами се дигате како непријатели на Мојот народ. На безгрешниот човек вие му ја одземате наметката, на оној кој патува без страв му досудувате воени стравотии. 9 Вие ги истерувате жените на Мојот народ од нивните мили домови; на нивните деца им ја одземате засекогаш славата која им ја дадов: 10 Станете, одете! Ова не е одморалиште! Зашто се онечистивте, тоа ќе ве уништи, да, потполно ќе ве уништи. 11 Кога би можел да биде вдахнат човекот, кој ја измислува оваа измама: ‘Ти пророкувам вино и пијалак,’ тој би бил пророк на овој народ. 12 Ќе те соберам сиот, Јакове, ќе го соберам Израелевиот Остаток! Ќе ги сместам заедно како овци во кошара, како стадо на пасиште - голема врева ќе направат од мноштво на луѓе. 13 Пред нив оди разурнувачот: тие ќе срушат и ќе влезат, низ вратата ќе влезат и ќе излезат; пред нив ќе оди нивниот цар, Господ ќе биде на чело.”
1 Потоа реков: „Чујте сега, главатари на Јакововата куќа, судии на Израелевиот дом! Нели е на вас да знаете што е право? Но вие го мразите доброто и го љубите злото! 2 Вие им ја дерете кожата од телото на луѓето и месото од нивните коски. 3 Тие го јадат телото на Мојот народ и му ја дерат кожата, му ги кршат коските. Тие ги дробат како во грнец, како месо во полн котел!” 4 Затоа, тие ќе Го повикуваат Господа, а Тој не ќе им одговори. Ќе го скрие во тоа време лицето од нив, заради злосторите што ги направиле. 5 Господ зборува вака против пророците кои го заведуваат Мојот народ: Кои гризаат со забите, и прогласуваат: „Мир!” Но против оној, кој не им става ништо во устата навестуваат војна. 6 „Затоа ќе имате ноќ место вашите привиди, и темнина место пророштво. Ќе им зајде сонцето на тие пророци, и денот ќе се стемни за нив. 7 Тогаш гледачите ќе се засрамат и ќе се збунат вражалците. Сите тие ќе ги покријат усните, зашто ќе нема Божји одговор.” 8 Ама јас сум полн со сила и со Господов Дух, полн со правда и со цврстина за да му ја известам на Јакова неговата нечесност, на Израел неговиот грев. 9 И така, чујте го ова, главатари на Јакововата куќа, судии на Израелевиот дом, вие на кои им се гади правдата, та извртувате сè што е правилно! 10 Вие кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда! 11 Неговите главатари судат според поткупот, неговите свештеници поучуваат заради печалба, неговите пророци претскажуваат за сребреници. А тие се повикуваат на Господа и зборуваат: „Нели е Господ во наша средина? Не ќе навали зло на нас”. 12 Заради вас и вашата вина Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на Домот ќе ја покрие шума.
1 Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. 2 Сите народи ќе одат кон неа, многу племиња ќе дојдат и ќе речат: „Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, во Домот на Јакововиот Бог! Тој ќе нè научи на Своите патишта, и ќе одиме по Неговите патеки.” Зашто Законот ќе излезе од Сион, Господовото слово од Ерусалим. 3 Тој ќе управува со многу племиња и ќе им биде Судија на силните народи. Своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна. 4 Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските. 5 Зашто сите народи одат, секој во име на својот бог, а ние, ние одиме во Името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека. 6 „Во оној ден - говори Господ - ќе ги соберам хромите, ќе ги приберам распрснатите и сите на кои што им нанесов беда. 7 Од хромите ќе направам Остаток, силен народ од оние што се отфрлени. Тогаш Господ ќе владее над нив на гората Сион од сега и довека. 8 И ти Стражарнице на стадата, Тврдино на Сионската Ќерка, пак ќе ти се врати тебе поранешната власт, царството на Ерусалимската Ќерка.” 9 Зошто сега викаш со силен глас? Нема ли цар во тебе? Зар пропаднаа твоите советници да те опфаќаат болките како родилка? 10 Виткај се од болка и пискај, Сионска Ќерко, како жена што раѓа, зашто сега ќе излезеш од градот и ќе живееш во полето. Ти ќе отидеш до Вавилон, таму ќе се ослободиш, таму ќе те откупи Господ од рацете на твоите непријатели. 11 А сега многу народи се собраа против тебе. Тие зборуваат: „Нека се обесчести, нашите очи нека се наситат со Сион!” 12 Но Господовите мисли тие не ги знаат и не ги разбираат Неговите намери; Тој ги собра како снопје на гумно. 13 „Стани! Оврши го житото, Сионска Ќерко, зашто ти правам железен рог и бронзени копита, и ќе сотреш многу народи; ќе му го заветуваш на Господ нивното благо и нивното богатство на Господарот на сета земја.”
1 Собери се сега во чети, ќерко на четите! Опколени сме и опсадени сме, со палка го удираат по лицето Израелевиот Судија. 2 „А ти, Витлеему Ефрато, најмалиот меѓу Јудините кнезови, од тебе ќе ми излезе Оној Кој ќе владее со Израел; Неговото потекло е од дамнини, од вечните времиња.” 3 Затоа Господ ќе ги остави додека не роди таа која има да роди. Тогаш ќе се врати Остатокот на неговите браќа кај Израелевите деца. 4 Тој ќе се исправи, ќе го изведува на пасење своето стадо со Господова сила, со величеството на името на својот Бог. Тие ќе живеат во мир, зашто тој ќе ја распростре Својата власт сè до земните краеви. 5 Тој - Тој е мир! Ако Асирците навлезат во нашата земја, ако стапат во нашите дворци, ќе подигнеме против нив седум пастири, осум народни кнезови. 6 Асирската Земја тие ќе ја испасат со меч, Невродовата Земја со мечеви. И Тој ќе нè ослободи од Асирците ако навлезат во нашата земја, ако стапнат на наша почва. 7 И Јакововиот Остаток ќе биде меѓу бројните народи, како роса што доаѓа од Господа, како капки на дождот на тревата кој не го чека човекот ниту се колеба за човечките синови. 8 А Јакововиот Остаток ќе биде меѓу бројните народи, како лав меѓу горските ѕверови, како лавче меѓу овци стада; секој пат кога поминува, тој гази со нозете, раскинува, и нема никој да се избави од него. 9 Твојата рака нека се подигне на противникот, сите Твои непријатели ќе бидат сотрени! 10 „Во оној ден - говори Господ - ќе ги истребам сите твои коњи, ќе ги уништам твоите бојни коли. 11 Ќе ја разурнам секоја населба по твојата земја, ќе ги срушам сите твои тврди градови. 12 Ќе ги сотрам баењата од твојата рака, не ќе имаш веќе врачеви. 13 Ќе ги истребам во тебе сите кипови и камени столбови. И ти веќе не ќе се поклонуваш пред делото на своите раце. 14 Ќе ги искорнам ашерите од тебе и ќе ги разурнам твоите градови. 15 Во гнев и во бес, ќе ја извршам одмаздата над народите кои не слушаа.”
1 Чујте сега што зборува Господ: „Стани! Суди се пред горите, и бреговите нека го чујат твојот глас! 2 Гори слушајте ја Господовата пресуда, основи на земјата, чујте, зашто Господ се суди со Својот народ, Тој се суди со Израел: 3 Народе Мој, што ти сторив? Со што те изморив? Одговорете против Мене, 4 Јас те изведов тебе од Египетската Земја, те избавив од куќата на ропството; го испратив пред тебе Мојсеја, Арона и Маријам. 5 Народе Мој, спомни си сега: Што беше наумил Валак, моавскиот цар? Што му одговори нему Валаам, синот Веоров, (спомнете си за сè збиднато) ... од Ситим до Галгал, за да ги познаеш праведните Господови дела?” 6 Со што ќе дојдам пред Господа, ќе паднам ли ничкум пред Сèвишниот Бог? Ќе дојдам ли пред Него со жртва паленица, со телиња годиначиња? 7 Дали ќе Му бидат мили илјада овни, илјада илјади потоци масло? Треба ли да се принесе првородениот син заради својот престап, плодот на својата утроба заради гревот на мојата душа? 8 Човеку, објавено ти е, што е добро, што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог. 9 Господовиот глас му вика на градот и мудроста ќе го види Твоето Име: „Слушајте го жезалот и Оној, Кој го определил. 10 Зар можам да го поднесувам богатството во домот на безбожниците, со проклета неполна ефа? 11 Можам ли да го оправдам оној кој се служи со крива мерка, со вреќа со измамливи мерилки? 12 Вашите богаташи полни се со насилство, вашите жители зборуваат лага, измамлив е јазикот во нивната уста! 13 Затоа и Јас почнав да те удирам, да те истребувам заради твоите гревови. 14 Ќе јадеш, а нема да се наситиш, ќе останеш гладен; ќе оставаш настрана и ништо не ќе сочуваш; ако и запазиш нешто, Јас ќе го предадам на меч. 15 Ќе сееш, но нема да жнееш; ќе ја цедиш маслинката, а не ќе се намажеш со масло; ќе газиш грозје, а не ќе пиеш вино. 16 Ги пазиш Амриевите закони и сите дела на Ахавовиот дом, живееш според нивните совети: ќе направам пустина од тебе, потсмев од твоите жители, за да го носите срамот на многу народи.”
1 Тешко ми мене! Станав како оние што собираат летен плод, како доберувач по гроздоберот; нема зрно грозје да го позобам, нема смоква-ранка по која копнее душата моја! 2 Побожниот исчезна од земјата, ниеден праведник меѓу луѓето! Сите дебнат за крволеење, секој му поставува мрежа на својот брат. 3 Нивните раце способни се за зло: главатарот бара подарок, судијата суди според поткупот големецот ја искажува похотливоста на својата душа, така тие, заедно го ткаат злото. 4 И најдобриот меѓу нив е како трн, најправедниот како трнлив плет. Денот на твоите чувари, и денот на твоите посетители пристигна, сега ќе биде нивната збунетост. 5 Немајте надеж на ближниот, не верувајте во пријателот; пред онаа која со тебе ја дели постелата, внимавај да не ја отвориш устата. 6 Зашто синот го презира својот татко, ќерката станува против мајката, снаата против својата свекрва, секому е непријател неговиот домашен. 7 А јас, јас сум загледан кон Господа, чекам на Бог Кој спасува, мојот Бог ќе ме послуша мене. 8 Не радувај се на моето зло, непријателко моја, ако паднав, ќе станам; ако престојувам во темнини, Господ е моја светлина. 9 Треба да ја поднесувам Господовата лутина, зашто згрешив против Него, сè додека не го пресуди мојот спор и не ја изрече правдата; ќе ме изведе на светлина, ќе ја гледам Неговата праведност. 10 Кога ќе здогледа мојата непријателка, ќе се покрие од срам таа која ми зборуваше: „Каде е Тој, Господ, твојот Бог?” Моите очи ќе се насладуваат кога ќе ја здогледам: таа ќе биде згазена како кал на патот. 11 Доаѓа ден кога ќе се соѕидаат твоите ѕидови! Во тој ден надалеку ќе се шират твоите граници! 12 Во тој ден ќе доаѓаат кај тебе од Асирската Земја до Египет, од Тир до Реката, од море до море, од гора до гора. 13 Земјата ќе стане пустина заради своите жители, заради нивните дела. 14 Паси го Својот народ со Својот жезол, стадото на Своето наследство, кое живее осамено во грмушникот, сред плодни овошници. Нека пасе во Васан и во Галад, како во стари времиња! 15 „Како во деновите кога излезе од Египетската Земја, ќе им покажам чудесни работи.” 16 Народите ќе ги видат, и ќе бидат засрамени покрај сета своја сила; ќе ја стават раката на устата, и ушите ќе им се заглушат. 17 Ќе лижат прав како змија, како ползачи што лазат по земјата. Ќе излезат треперејќи од своите дувла, преплашени и исплашени пред Тебе. 18 Кој Бог е како Ти Кој го проштава беззаконието, Кој го проштава гревот и преминува преку престапите на Остатокот на Своето наследство, Кој не дотраја довека во Својот гнев, туку Тој ужива да искажува милост. 19 Уште еднаш, имај милост за нас! Сотри ги нашите беззаконија, фрли ги на дното на морето сите наши гревови! 20 Додели му ја Својата верност на Јакова, Својата добрина на Авраама, како што им се заколна на нашите татковци од дамнешни денови.
1 Пророштвото за Нинивија; книга на видението на Наум Елкошанецот. 2 Господ е Бог ревнител и одмаздник; Господ се одмаздува и се гневи; Господ им се одмаздува на Своите противници, издржлив е во гневот против непријателите. 3 Господ е долготрпелив, ама голем во сила. Никако, Господ нема да ги пушти виновниците неказнети. Неговиот пат е во виор и во бура, облаците се прав на Неговите нозе. 4 Му се заканува на морето и го исушува, ги пресушува сите реки. Васан и Кармил овенаа, венее цветот на Ливан. 5 Пред Него горите се потресуваат, бреговите се топат, земјата се воздига пред Него, светот и сè што живее во него. 6 Кој може да издржи пред Неговото негодување? И кој ќе издржи пред пламенот на Неговиот гнев? Неговиот гнев се излева како оган и стените се распаѓаат пред Него. 7 Господ е добар, Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него. 8 Кога потопните води ќе поплават, ќе го уништи наполно нејзиното место, ќе ги протера Своите непријатели во мрак. 9 Што смислувате вие против Господа? Тој уништува до крај; неволјата нема да се подигне двапати. 10 Како трнлив грмушник и како пијаници напиени, како сува слама ќе бидат наполно проголтани. 11 Од тебе произлезе оној, кој смислува зло против Господа, советникот на Велијал. 12 Господ зборува вака: „Нека се подготвени, нека се многубројни, ќе бидат покосени, кога тој ќе помине. Ако те понижив, нема да те понижувам отсега. 13 А сега, ќе го скршам јаремот негов од тебе, ќе ги скинам твоите окови.” 14 Господ наредува против тебе: „Не ќе се сее веќе од твоето име, од капиштето на твоите богови ќе ги истребам резаните и леаните ликови, ќе го направам твој гроб, зашто си презрен.” 15 Гледајте, врз горите се нозете на оној, кој носи Добра вест, кој проповеда: „Мир!” Празнувај ги своите празници, Јудо, исполни ги своите заклетви, зашто Велијал веќе не ќе поминува преку тебе, тој е сосема истребен.
1 Рушител се крева против тебе. Постави стража на ѕидовите гледај кон патот, препаши ги бедрата, собери ги сите свои сили. 2 Да, Господ ќе го обнови Јакововото величие како Израелевото величие; зашто пљачкашите ги ограбија, им ги истргаа лозјата. 3 Штитовите на неговите јунаци се црвенеат, неговите воини се во црвено сукно; бојните коли блескаат како железни гламни, во денот кога се подготвува; копјата се брануваат. 4 Бојните коли беснеат по улиците, летаат удирајќи се една со друга, изгледаат како гламни, како молњи, само светкаат. 5 Си спомнува за неговите моќници, се сопинат во одот, итаат бргу кон нејзините ѕидови, опсадата веќе е поставена. 6 Се отворат портите од реките, палатите се растопија. 7 Таа која стоеше тврдо, беше свлечена и одведена, нејзините робинки цвилат како гласот на гулабите, се удираат во гради. 8 Нинивија во своите дни беше како базен полн со вода, тие бегаат сега. „Застанете, застанете!” Но никој не се завртува. 9 „Грабете сребро, грабете злато.” Му нема крај на благото, изобилство на скапоцености! 10 Ограбена е, напуштена, разурната е таа. Срцето се топи, колената треперат, измачување во секое бедро, на сите лицата им се побледени. 11 Каде е јамата на лавовите и местото каде лавчињата се хранат? Кога лавот и лавицата и малите лавчиња одеа, никој не ги плашеше. 12 Лавот раскинуваше доволно за своите лавчиња, давеше за својата лавица; ги полнеше со плен своите пештери, со лов, своите јами. 13 „Еве Ме! Против тебе,” говори Господ над Воинствата. „Ќе ги изгорам во дим твоите бојни коли, мечот ќе ги проголта твоите лавчиња. Ќе ги истребам од земјата твоите грабежи и не ќе се чуе веќе викот на твоите гласници.”
1 Тешко му на крвничкиот град, полн е со лаги и грабеж; тој не прекратува со ограбувањето! 2 Слушајте! Плускање на бич; слушајте! Тропање на колца; коњите се издигаат, колите потскокнуваат, 3 коњаниците јаваат, мечевите блескаат, копјата светкаат, многу ранети, мнозинство мртви, трупови до недоглед, се сопнуваат на трупови! 4 Тоа сето е заради многуте разврати на блудницата, на милата љубовница, господарката на магии, која со својот разврат ги продава народите и племињата со своите вражања. 5 „Еве Ме! Против тебе,” говори Господ над Војските. „Ќе ги подигнам, преку твоето лице, скутовите на твојата облека, ќе им ја покажам твојата голота на народите, твојот срам на царствата. 6 Ќе фрлам смет врз тебе, ќе те засрамам, ќе те ставам за приказ. 7 Секој кој ќе те види, ќе бега од тебе, и ќе рече: ‘Нинивија, каква урнатина! Кој може да ја пожали?’ Каде да барам тешители за тебе?” 8 Зар не си подобра од Амоновата Теба, која лежеше меѓу водите на Нил, со води опкружена, морето беше нејзин пред ѕид водите беа нејзин ѕид? 9 Нејзина сила беше Етиопија, и Египет; немаше граници. Фут и Ливија и беа помошници. 10 Но сепак заробена, таа отиде во ропство; и нејзините младенци беа здробени по сите раскрсници; за нејзините угледни луѓе фрлаа жрепка, сите нејзини големци оковани се во вериги. 11 Така и ти ќе се опијаниш, ќе се сокриеш, и ќе бараш засолниште од непријателите. 12 Сите твои тврдини се како смоквите со рани зрели плодови; ако се стресат, тогаш паѓаат во устата на оној, кој сака да ги јаде. 13 Ете, твојот народ среде тебе се како жени, портите на твојата земја ќе бидат ширум отворени пред непријателите твои, огнот ги изгоре твоите резиња. 14 Нацрпи си вода за опсадата, зацврсти ги своите утврди, влези во калта, гази ја глината, земи калап за плитар. 15 Таму оган ќе те проголта и мечот ќе те истреби; ќе те изеде како скакулците. Множи се како бубачки, множи се како скакулци. 16 Ги умножи твоите трговци, повеќе од ѕвездите на небесата. Но младите скакулци се свлекуваат и одлетнуват. 17 Твоите кнезови се како скакулци, а военачалниците како рој скакулци, што седат по ѕидовите кога е студено, но кога сонцето ќе огрее, одлетнуваат и нивното место не се познава каде биле. 18 Твоите пастири спијат о, царе асирски; твоите моќници лежат, твојот народ се распрсна по горите, никој веќе не може да го собере. 19 Нема оздравување за твојата повреда, твојата рана е неизлечива. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе плескаат раце над тебе, зашто врз кого ли не премина твојата злоба постојано?
1 Пророчко видение што го виде пророк Хабакук. 2 До кога, Господе, ќе викам за помош, а Ти да не чуеш? Да викам кон Тебе „Насилство!” а Ти да не спасиш? 3 Зошто ми ја покажуваш неправдата пред очи? Зошто го гледаш угнетувањето? Грабеж и насилство се пред мене. Расправија и раздор беснеат. 4 Затоа законот ја изгуби силата, а правдата не се појавува ни за миг. Да, злосторникот го гони праведникот, затоа судот излегува изопачен. 5 „Погледајте меѓу народите, гледајте, чудете се, вчудоневидете се! Зашто во ваши денови правам дело, во кое не бисте поверувале, ако некој ви го раскаже. 6 Зашто еве, ги подигам Халдејците, народ жесток и брз, што навлегува ширум низ земјата, за да ги одземе живеалиштата кои не се негови. 7 Тој е страшен и морничав, од самиот него излегува неговиот суд и неговата власт. 8 Коњите му се побрзи од леопардите, побесни од волците навечер; јавачите му се простираат, стигаат оддалеку, налетуваат како орли, се спуштаат за да колват. 9 Сите тие ќе дојдат да насилствуват, лицата им се устремени напред како источен ветер, собират пленици како песок! 10 Тој им се потсмева на царевите, кнезовите му се за подбив, се подигрува со сите тврдини, насипува земја и ги зазема. 11 Тогаш провева како ветер и си оди, престапува и е виновен, кому сил?та му е негов бог.” 12 Не си ли Ти од дамни времиња, Господи, мој Боже, мој Светецу? Ние нема да умреме! Ти, Господи, го определи да суди, го постави, Стено моја, за да казнува. 13 Твоите очи се пречисти, за да гледаат зло. Ти не можеш да ги гледаш беззаконијата. Зашто ги гледаш вероломците, молчиш кога злочинецот го голтнува поправедниот од себе? 14 Ги правиш ли луѓето како морските риби, како лазачите, што немаат господар? 15 Тој ги лови сите на јадица, ги извлекува со мрежа, ги собира во својата рибарска мрежа, и така се радува и ликува. 16 Затоа и жртвува на својата мрежа, и пали темјан на својата рибарска мрежа, зашто му набавуваат мрсен дел, и храната му е обилна. 17 И заради тоа ќе ја испразни ли мрежата своја и ќе ги убива ли постојано народите безмилосно?
1 Ќе застанам на својата стража, ќе се поставам на кулата, ќе внимавам да видам, што ќе ми рече Тој, и што да одговорам на мојот укор. 2 Тогаш Господ ми одговори и рече: „Запиши го видението, врежи го врз плочки, та поминувачот да го чита лесно.” 3 Зашто видението е сепак за определеното време: брза кон исполнувањето, и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и не ќе се забави. 4 Ете: на горделивиот, душата не му е праведна, а праведникот ќе живее преку својата вера. 5 Виното навистина го измамува и горделивиот, и не може да се одмори, оној, кој го отвора грлото како Подземје, кој е ненаситен како смртта, кој ги собира за себе сите народи, кој ги збира за себе сите племиња. 6 Зар сите не ќе искажат изрека за него, потсмев и гатанка ќе пеат против него? Ќе речат: ‘Тешко му на оној, кој го умножува она, што не е негово! - и до кога ќе се натрупува со залози?’ 7 Не ќе ли станат наеднаш твоите заемодавачи, не ќе ли се разбудат оние кои собираат од тебе? Тогаш ќе им бидеш плен! 8 Зашто ограби многу народи, сиот остаток од луѓето ќе те ограби тебе, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители. 9 Тешко му на оној, кој придобива неправедна печалба за својата куќа, за да го постави гнездото си на високо, и да се избави од раката на злото. 10 Си смислил срам за својата куќа уништувајќи многу племиња, и си згрешил против себе. 11 Зашто од самите ѕидови каменот вика, а гредата од дрвата му одговара. 12 Тешко му на оној, кој гради град со крв и ја засновува тврдината врз неправда! 13 Ете, не е ли тоа од Господ над Воинствата, за да се трудат народите само за оган, за да се изморуваат народите за ништо? 14 Зашто земјата ќе се наполни со знаењето на Господовата слава, како што водите го покриваат морето. 15 Тешко му на оној, кој го наведува ближниот на пиење, турува отров додека тој пие, за да ја набљудува неговата разголеност! 16 Ти си се наситил со срам место со слава; само пиј и покажувај го срамот на своето необрезание. Чашата на Господовата десница ќе донесе срам на твојата слава. 17 Насилството над Ливан ќе те покрие тебе; и истребувањето на ѕверовите ќе ги исплаши, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители. 18 За што ползува делканиот лик, та уметникот да го делка? За што леаниот лик, учителот на лага, та неговиот творец да се доверува на делото свое, обликувајќи неми идоли? 19 Тешко му на оној, кој вели на дел од дрво: ‘Разбуди се!’ На немиот камен: ‘Стани!’ Тој ли ќе поучува? Ете, тој е опточен и со злато и со сребро, но никаков здив нема во него. 20 Но Господ е во Својот свет храм: сета земја нека замолчи пред Него!”
1 Молитва на пророк Хабакук врз Шигонот. 2 Господи, ја чув Твојата вест, и сум уплашен. Господи, оживи го делото Свое среде годините, среде годините објави го. Во гневот спомни си за милост! 3 Бог доаѓа од Теман, и Светецот од планината Фаран. Неговото величество ги покрива небесата, и земјата е полна со фала кон Него. 4 Болскотот Му е како светлина, зраци светкаат од Неговите раце, таму е скривалиштето на Неговата сила, 5 Помор оди пред Него, треската Го следи по стапките. 6 Тој застана и земјата се тресе, Тој погледа, и ги стресе народите. Тогаш се растурија дамнешните планини, вечните ридови пропаднаа, одењата на вечноста се Негови. 7 Ги видов кушанските шатори во тага, шаторските завеси на Мидиската земја трепереа. 8 Пламна ли Господ против реките? Беше ли гневот Твој против реките? Или Твојата јарост против морето? Ти јаваш на Свои коњи, Твоите коли на спасението. 9 Го откриваш Својот лак според клетвите направени на племињата преку Твоето слово. Со порои ја расечуваш земјата, 10 планините Те видоа и затреперија, воден порој премина, бездната го даде својот глас, ги подигна високо своите раце. 11 Сонцето и месечината застанаа во своите живеалишта, пред светлоста на Твоите стрели, пред сјајот на Твоето блескаво копје. 12 Разјарено чекориш по земјата, расрдено ги газиш народите. 13 Си излегол за спасението на Твојот народ, за спасението на Твојот помазаник; ја разбиваш главата на нечестивата куќа, и ги откриваш основите до вратот. 14 Со неговите сопствени копја Ти ја пронижа главата на неговите воини, кои се пуштија како виор да ме разбијат, нивната радост беше потајно да го изедат бедниот. 15 Газиш во морето со Твоите коњи, преку пенењето на многу води. 16 Чув! Мојата утроба се затресе, ми треперат усните при тој звук, гнилеж навлегува во моите коски, на своето место се растреперив. Зашто јас ќе го чекам спокојно скрбниот ден, за народот кога ќе се подигне да нè нападне. 17 Макар и да не процвета смоквата, а и да нема плод по лозјата, макар и трудот на маслинката да не успее, и полињата да не донесат храна, макар и стадото да е истребено од трлото, и да нема говеда во оборите, 18 јас и тогаш ќе се веселам во Господа, ќе се радувам во Бога на моето спасение. 19 Господ Бог е моја сила, Тој ги направи нозете мои како на срните, и ќе ме направи да одам по височините мои. За пејачкиот предводник на моите жичани инструменти.
1 Господово слово упатено до Софонија, синот Хусиев, син на Годолиј, син на Амариј, син Езекиин, во деновите на Јосиј синот Амонов, јудејски цар. 2 „Да, сè ќе избришам од лицето на земјата - говори Господ! 3 Ќе ги уништам луѓето и ѕверовите, небесните птици и морските риби, соблазните идоли со безбожниците, ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата - говори Господ! 4 Ќе подигнам рака на Јуда и на сите жители на Ерусалим и ќе го истребам од ова место Вааловиот остаток, и името на паганските свештеници заедно со израелевите свештеници; 5 оние, кои се клањаат по покривите на небесната војска, оние, кои се клањаат и заколнуваат пред Господа, а се заколнуваат и во Мелхом; 6 оние кои отстапија од Господа, кои не Го бараат Господа и не прашуваат за Него.” 7 Молкни пред Господа Бога, зашто е близу Господовиот ден! Да, Господ ја подготви жртвата, ги освети своите повиканици. 8 „Во денот на Господовата жртва ќе ги казнам кнезовите, царските синови, и сите кои се облекуваат со туѓинска облека. 9 Ќе ги казнам во тој ден, сите кои прескокнуваат преку прагот, кои домовите на своите господари ги полнат со насилство и измама. 10 Во оној ден - говори Господ - ќе се дигне викотница од Рибната Врата, плач од новиот дел на градот, големо разурнување на ридови. 11 Ридајте, жители на Мактес, зашто е сотрен сиот трговски народ, истребени се сите мерачи на среброто. 12 Во тоа време, ќе го пребарам Ерусалим со светилници и ќе ги посетам со казна луѓето, кои се одмараат на својот вински талог, и зборуваат во своето срце: ‘ Господ не може да направи ни добро ни зло.’ 13 Нивното богатство ќе биде оставено на грабеж, нивните куќи на запустување. Тие градеа куќи - не ќе живеат во нив; садеа лозја, не ќе пијат вино од нив.” 14 Близу е Господовиот ден, голем! Близу е и доаѓа брзо! Горчлив е гласот на Господовиот ден: тогаш и јунакот ќе заплаче. 15 Тој ден е ден на гнев! Ден на тешкотии и неволји! Ден на ужас и запустување! Ден на мрак и наоблаченост! Ден на темнина и маглишта! 16 Ден на трубење и на бојна викотница против утврдените градови и против високите стражарници. 17 Ќе им ги препуштам луѓето на неволјите и ќе одат како слепци зашто згрешија против Господа, нивната крв ќе се разлее како прав, нивните трупови ќе бидат фрлени како смет. 18 Ни нивното сребро ни нивното злато не ќе ги спаси. Во денот на Господовиот гнев, огнот на Неговата ревност ќе ја изгори сета земја. Зашто тој ќе ги уништи, и тоа наскоро, сите жители на земјата.
1 Соберете се, соберете се, народе бесрамен, 2 пред да бидете протерани како плева што се распрснува во ден, пред да стигнат на вас Господовиот пламен и гнев, пред да стигне на вас денот на Господовиот гнев. 3 Барајте Го Господа, сите скромни на земјата, сите кои ги извршувате Неговите закони! Барајте ја правдата, барајте ја смиреноста: можеби вие ќе бидете заштитени во денот на Господовиот гнев. 4 Да, Газа ќе стане пустина, Аскалон запустување. Азот ќе биде протеран на пладне, Акарон откорнат од основи. 5 Тешко им на жителите на морскиот брег, на критскиот народ! Еве го Господовото слово против вас Ханаанците, Земјо на Филистејците: „Ќе те уништам, ќе ги истребам сите твои жители!” 6 И ќе станеш за пасење пастирско пасиште и ограда за стадо. 7 И тој крај ќе му припадне на Остатокот на Јудиниот дом; таму тие ќе го водат добитокот на пасење; навечер ќе се одморуваат во аскалонските куќи, зашто ќе ги посети Господ, нивниот Бог, и Тој ќе ги врати од ропство. 8 „Ја чув Моавовата навреда и потсмевнувањето на Амоновите синови, кога го навредуваа Мојот народ и се гордееја против нивните предели. 9 Затоа, жив Сум Јас!” - говори Господ над Војските, Израелевиот Бог, „Моав ќе стане како Содом и Амоновите синови како Гомор: поле обрастено со коприва, куп сол, вечна пустина. Остатокот на Мојот народ ќе ги ограби, најостатокот од Мојот народ ќе ги завладее.” 10 Тоа ќе биде цената за нивната гордост, зашто се воздигаа и му се потсмеваа на народот на Господа над Војските. 11 Господ ќе биде страшен за нив: кога ќе ги уништи сите земни богови, пред Него ќе се поклонат - секој во својата земја - сите острови на народите. 12 „И вие, Етиопци: вие ќе бидете погубени со Мојот меч.” 13 Потоа ќе ја подигне Својата рака против Север и ќе ја разруши Асирската Земја, од Нинивија ќе направи урнатини, суво место како пустина. 14 Среде неа ќе лежат: стадото, и секакви ѕверови на народите: чапли и ежови ќе почиваат ноќе на главчињата на столбовите, гласот нивни ќе ѕвечи на прозорците, и ќе оголи сè што е од кедрова направа. 15 Тоа ли е веселиот град, што живееше во мир, кој зборуваше во своето срце: „Јас и единствено јас!” Гледај, стана урнатина, ѕверско дувло! Сите, кои поминуваат покрај него, свират со устата и мавтаат со рацете.
1 Тешко му на непокорниот, на нечистиот град и на насилничкиот град! 2 Тој никогаш не чу повик, никогаш не прифати поправка; тој никогаш не Му се довери на Господа; никогаш не Му се приближи на Својот Бог. 3 Неговите кнезови се сред него - лавови кои рикаат; неговите судии - се вечерни волци, кои не оставаат ниедна коска до утрото, 4 неговите пророци се лекомислени, вистински лажливци, неговите свештеници го обесветуваат Светилиштето, го кршат Законот. 5 Сред него, Господ е праведен - Тој не прави неправда; секое утро го изнесува Својот суд на виделина, но беззаконикот не познава срам. 6 „Ги уништив народите, разурнати им се тврдините, ги запустив нивните улици: нема веќе минувачи! Разурнати се нивните градови: нема луѓе, нема жители! 7 Говорев: ‘Бој се само од Мене прими ја поправката’ и не ќе биде истребено неговото живеалиште и нема да го најде злото, што Јас го подготвив за него. Но тие брзо ги расипаа сите свои дела. 8 Затоа чекајте Ме Мене - говори Господ - до денот кога ќе станам како Обвинител, зашто Јас одредив да се соберат народите, да се зберат царствата, за да го излеам врз нив Својот гнев, сета горчина на Својата расрденост: во огнот на Мојата ревност ќе биде изгорена сета земја. 9 Ќе им дадам чисти усни на народите, за да можат сите да го повикуваат Господовото име и да Му служат еднодушно. 10 Од другиот брег на етиопските реки, Моите поклоници, расеани ќе ми принесуваат жртвени дарови. 11 Во оној ден не ќе се срамиш од сите свои постапки, со кои грешеше против Мене, зашто ќе ги отстранам од сред тебе твоите горди фалба?ии; и веќе не ќе се возвишуваш на Мојата Света Гора, 12 зашто ќе оставам во твојата средина скромен и сиромашен народ, и во Господовото име ќе бараш закрила. 13 Остатокот Израелев веќе нема да прави неправда, не ќе зборуваат веќе лаги; во нивните усти не ќе се најде веќе измамлив јазик. Ќе можат да пасат и да се одмараат и никој не ќе им пречи.” 14 Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сè срце, Ерусалимска Ќерко! 15 Господ те ослободи од твојата пресуда, ги отстрани Твоите непријатели! Господ, Израелевиот Цар, е во твојата средина! Не бој се веќе од зло! 16 Во оној ден ќе му се рече на Ерусалим: „Не бој се, Сионе! Нека не ти се истоштат рацете. 17 Господ, твојот Бог, е во твоја средина, силен Спасител! Тој ќе ти се радува тебе, полн со веселба, ќе ти биде милостив во Својата љубов, ќе воскликнува радосно над тебе.” 18 „Ќе ги соберам напатените заради празниците, за да не носат веќе срам на себе. 19 Еве ги совладувам сите твои угнетувачи. Во она време ќе ги избавам сите хроми, ќе ги соберам расеаните, ќе ги поставам за име и слава во секоја земја на нивниот срам. 20 Во она време, Јас ќе ве доведам, во она време, Јас ќе ве соберам! Тогаш ќе ви дадам пофалба и слава меѓу народите на земјата, кога ќе ви ги вратам заробениците пред ваши очи” - говори Господ.
1 Во втората година на царот Дариј, во шестиот месец, во првиот ден на месецот, Господовото слово дојде преку пророкот Агеј на Зоровавел, синот Салатилов, јудејски управител, и на Исуса, синот Јоседеков, врховен свештеник: 2 „Вака зборува Господ над Воинствата: ‘Овој народ зборува: „Уште не е дојдено времето за да се изгради пак Господовиот Дом!”‘“ 3 Затоа дојде Господовото слово преку пророкот Агеј: 4 „А вам ви е време да живеете во покриени куќи, додека овој Дом е разурнат.” 5 Затоа, Господ над Војските сега зборува вака: „Обратете ги своите срца на вашите патишта! 6 Сеете многу, собирате малку; јадете, а не сте сити; пиете, а не можете да се напоите, се облекувате, а не ви е топло. Трудбеникот ја заработува платата, а ја става во скината кожена торбичка за стрели!” 7 Господ над Воинствата зборува вака: „Обратете ги своите срца на вашите патишта! 8 Отидете во гората, донесете дрва, и подигнете го пак Домот; тоа ќе Ми биде мило, и ќе се прославам - зборува Господ. 9 Се надевавте на изобилство, а ете, малку е; што ќе донесете дома Јас ќе го дувнам. А зошто? - говори Господ, над Војските. Затоа што Мојот Дом е разурнат, додека секој од вас се грижи за својот дом. 10 Затоа небото се заклучи и не дава роса, а земјата не ги подава своите производи. 11 Јас ја повикав сушата на земјата и по горите, на житото и на виното, на маслото и на сè што раѓа земјата, на луѓето и на добитокот, и на секој со мака добиен плод.” 12 А Зоровавел, синот Салатилов и Исус, синот Јоседеков, врховен свештеник, и сиот останат народ ги послушаа гласот на Господа својот Бог, и зборовите на пророкот Агеј, како посланик на Бога: и народот се исплаши од Господа. 13 Тогаш Агеј, Господов гласник пратен од Господа, му рече на народот: „Јас Сум со вас” - говори Господ. - 14 Господ го разбуди духот на Зоровавел, синот Салатилов јудејски управител, и духот на Исуса, синот Јоседеков, врховен свештеник и духот на сиот останат народ, та тие дојдоа и се зафатија со работа во Домот на Господа над Воинствата, својот Бог. 15 Тоа беше во дваесет и четвртиот ден на шестиот месец, во втората година на царот Дариј.
1 Во седмиот месец во дваесет и првиот ден на месецот, дојде Господово слово преку пророкот Агеј: 2 „Речи им вака на Зоровавел синот Салатилов, јудејски управител и на Исуса, синот Јоседеков, свештенички поглавар, и на другиот народ: 3 ‘Има ли уште некој меѓу вас кој го видел својот Дом во неговата стара слава? А каков го гледате вие сега? Според оној, не е ли тоа како ништо во вашите очи? 4 И така, биди јунак, Зоровавеле - слово е на Господа - биди јунак, Исусе сине Јоседеков, главен свештенику! Биди јунак, народе на сета земја - на работа! Зашто Јас Сум со вас! - зборува Господ над Воинствата! 5 По ветувањето што ви го дадов вам кога излеговте од Египет, Мојот Дух останува сред вас. Не бојте се!’ 6 Зашто Господ над Војските зборува вака: „За малку, и Јас ќе ги растресам небесата и земјата, и морето и копното. 7 Ќе ги стресам сите народи, за да дојде богатството на сите народи, и ќе го наполнам со слава овој Дом - зборува Господ над Воинствата. 8 Златото е Мое, среброто е Мое - зборува Господ над Воинствата. 9 Славата на овој втор Дом ќе биде поголема отколку на првиот - слово е на Господа над Војските. И ќе му дадам мир на ова место - слово е на Господа над Војските.” 10 Во дваесет и четвртиот ден на деветтиот месец, во втората година на царот Дариј, дојде Господовото слово: преку пророкот Агеј: 11 Господ над Војските зборува вака: „Прашај ги свештениците што вели Законот и речи: 12 ‘Кога некој би носел во скутот на својата облека осветено месо, или ако би се допрел со скутот до леб, до јадење, до вино, до масло или до каква и да е храна; дали тоа ќе стане свето?’” Свештениците одговорија: „Не!” 13 Агеј праша натаму: „Кога некој, кој се онечистува допирајќи мртовец, ќе допре нешто од она, дали тоа ќе стане нечисто?” Свештениците одговорија: „Ќе биде нечисто.” 14 Тогаш Агеј рече вака: „‘Таков е и овој род, таков е овој народ пред Мене - говори Господ - такво е секое дело на нивните раце, и сè што принесуваат тука: сè е нечисто! 15 А сега, размислете во срцето од денешниот ден за напред: Пред да почне да се става камен на камен во Господовото Светилиште, какви бевте? 16 Му доаѓавте на куп од дваесет мери, а беа само десет! И доаѓавте на кацата за да зафатите педесет мери, а беа само дваесет! 17 Го удирав со суша, со пламеница и со град секое дело на вашите раце, но никој нема кај Мене - говори Господ. 18 Затоа внимавајте добро од денешниот ден за напред - од дваесет и четвртиот ден на деветтиот месец, кога почна да биде граден Господовиот Храм, внимавајте добро, 19 има ли уште семе во житницата? Ни виновата лоза ни смоквата, ни калинката ни маслината не даваа плод, но од оној ден Јас ќе ги благословувам нив.’” 20 Во дваесет и четвртиот ден на истиот месец му дојде Господовото слово на Агеј по вторпат: 21 „Речи му вака на Зоровавел, јудејскиот управител: ‘Јас ќе ги растресам небесата и земјата! 22 Ќе ги оборам престолите на царствата, и ќе им ја уништам силата на царевите на народите. Ќе ги превртам бојните коли и оние во нив, ќе бидат оборени нивните коњи и коњаници, ќе паднат од мечот на својот брат. 23 Во тој ден - говори Господ над Воинствата, ќе те земам Зоровавеле, сине Салатилов, Мој слуго - говори Господ - и ќе те ставам како печат, зашто тебе те избрав’ - говори Господ над Воинствата.”
1 Во осмиот месец на втората Дариева година му дојде Господово слово на пророкот Захарија, синот Варахиин, синот Идов. 2 „Господ се разгневи тешко на вашите татковци! 3 Затоа речи им: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Вратете се кај Мене и Јас ќе се вратам кај вас - говори Господ над Војските. 4 Не бидете како вашите татковци, кои ги повикуваа некогашните пророци, велејќи: ‘Господ над Воинствата вели вака: „Вратете се од Своите лоши патишта и од лошите дела.”‘ Ама тие не слушаа ниту пазеа на Мене - зборува Господ. 5 Каде се сега вашите татковци? Зар ќе живеат довека пророците? 6 Ама Моите зборови и одредби, што им ги наложив на Своите слуги пророците, не ги стигнаа ли вашите татковци?” Тие се обратија и признаа: ‘Господ над Војските направи со нас како што намислил да направи според патиштата и нашите дела.’ „‘“ 7 Во дваесет и четвртиот ден, на единаесеттиот месец, а тоа е месецот Сават, во втората Дариева година, Господовото слово му дојде на пророкот Захарија, синот Варахиин, синот Идов. 8 Имав видение ноќе. Ете, човек јава на жолтоцрвеникав коњ меѓу миртови дрва што имаат длабоки корења, а зад него лисести коњи, костенливи и бели. 9 Прашав: „Кои се овие мој господару?” Ангелот кој зборуваше со мене ми рече: „Јас ќе ти покажам кои се.” 10 Човекот кој стоеше меѓу миртовите дрва одговори: „Ова се оние кои ги испрати Господ за да ја обиколуваат земјата.” 11 Тие му се обратија на Господовиот ангел, кој стоеше меѓу миртовите дрва и рекоа: „Ја обиколуваме земјата, и ете: сета земја почива и мирува.” 12 Тогаш Господовиот ангел проговори и рече: „Господи над Воинствата, кога веќе еднаш ќе им се смилуваш на Ерусалим и на јудејските градови, на кои веќе седумдесет години им се гневиш луто?” 13 А Господ му одговори со утешни зборови на ангелот, кој зборуваше со мене. 14 И ангелот кој зборуваше со мене ми рече: „Објави го ова: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Со ревнива љубов горам по Ерусалим и за Сион, 15 а со голем гнев пламнувам на гордите народи, зашто кога малку се разгневив, тие ја поминаа мерката.” 16 Затоа Господ зборува вака: „Му се враќам на Ерусалим со милосрдие; пак ќе го изградам во него Мојот Дом - говори Господ над Војските - и пак во Ерусалим ќе се оптегнува мерачко јаже.”‘ 17 „Порачај го уште ова: ‘Моите градови пак ќе се прелеваат со изобилство, и Господ ќе го утеши Сион, ќе го избере Ерусалим.”‘“ 18 Ги подигнав очите и видов. И ете: четири рога. 19 Го прашав ангелот кој зборуваше со мене: „Што е ова?” Тој ми одговори: „Тоа се рогови што ги распрснаа Јуда, Израел и Ерусалим.” 20 Тогаш Господ ми покажа четири ковачи. 21 А јас прашав: „Што дојдоа овие да работат?” Тој ми одговори: „Она се роговите што го раскинаа Јуда, та никој веќе не се осмелува да дигне глава; а овие дојдоа за да ги исплашат, и да им ги скршат роговите на народите кои подигаа рог против Јудината Земја, за да ја распрснат.”
1 Ги подигнав очите и видов: и ете: човек, а во неговата рака мерачко јаже. 2 Го прашав: „Каде одиш?” Ми одговори: „Да го измерам Ерусалим и да видам колку е широк а колку долг.” 3 И ете, ангелот кој зборуваше со мене стоеше неподвижно, а друг му излезе во пресрет 4 и му рече: „Трчи, речи му на оној млад човек вака: ‘Ерусалим ќе биде како отворен град заради мноштвото луѓе и добиток кои ќе бидат во него. 5 А Јас - говори Господ - ќе му бидам огнен ѕид наоколу и негова Слава сред него.’” 6 „Еј! Еј! Бегајте од Северната Земја - говори Господ - зашто во сите четири небесни ветра ве распрснав - говори Господ! 7 Еј, Сиону, кој живееш кај вавилонската ќерка, спаси се!” 8 Вака зборува Господ над Воинствата чија Слава ме испрати кај народите кои ве ограбија: „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото. 9 Ете, ја подигам раката против нив за да им бидат плен на своите робови. Така ќе знаете дека ме испрати Господ над Војските! 10 „Воскликнувај и радувај се, Сионска Ќерко, зашто еве, доаѓам да престојувам сред тебе. 11 Господ зборува. Во оној ден многу народи ќе се прилепат кон Господа, и ќе бидат Мој народ, а Јас ќе престојувам сред тебе. Така ќе знаеш дека Господ над Воинствата ме испрати кај тебе. 12 И Јудеја ќе биде Господово наследство, Негов дел во Светата Земја, и Тој пак ќе го избере Ерусалим. 13 Да молкнат сите луѓе, пред Господа, зашто, еве, Тој станува од Своето Свето живеалиште.”
1 Потоа ми го покажа Исуса, велесвештеникот, Кој стоеше пред Господовиот ангел, и сатаната, што му стоеше оддесно за да го обвинува. 2 Господ му рече на сатаната: „Господ да те прекори сатано! Господ, Кој го избра Ерусалим, да те прекори! Не е ли Тој гламна извадена од оган?” 3 А Исус беше облечен во валкани облеки додека стоеше пред Господовиот ангел. 4 Ангелот им се обрати на оние кои што стоеја пред него и им рече: „Соблечете ги од него тие валкани облеки!” И му рече: „Еве, ја симнувам од тебе твојата вина и те облекувам во скапоцена облека!” 5 И продолжи: „Ставете му чиста капа на главата!” Тие му ставија чиста капа на главата и го облекоа во скапоцена облека во присуство на Господовиот ангел. 6 И Господовиот ангел го опомена Исуса: 7 „Господ над Воинствата зборува вака: Ако одиш по моите патишта и ако ги пазиш моите наредби, ти ќе бидеш управител во Мојот Дом, ќе ги чуваш Моите дворови и ќе ти дадам пристап меѓу оние кои стојат таму. 8 И така, послушај Исусе, велесвештенику, ти и твоите другари кои се околу тебе, зашто вие сте луѓе познати! Еве, Јас ќе го доведам подникот, Мојот Слуга, и ќе ја отстранам нечесноста на оваа земја во еден ден. 9 Зашто еве го каменот што го ставам пред Исуса; на тој камен се седум очи, и врз него ќе врежам натпис - слово е на Господа над Војските. 10 Во оној ден - слово е на Господа над Војските - ќе се повикувате еден друг под лозата и под смоквата.”
1 Ангелот, кој зборуваше со мене, се врати тогаш и ме разбуди како човек кој се буди од сон. 2 „Што гледаш?” праша. Јас одговорив: „Еве, гледам светилник, сиот од злато со чаша за масло врз него; и на светилникот се седум светилки, со седум чашки за седумте светилки што се на него. 3 Две маслинови стебла се покрај него, едното оддесно, другото одлево.” 4 Му се обратив на ангелот кој зборуваше со мене и го прашав: „Што е тоа Господару? 5 Ангелот кој зборуваше со мене, ми одговори: „Зар не знаеш што е тоа?” Јас реков: „Не, господару.” 6 Тогаш тој ми одговори вака: „Еве ги Господовите зборови на Зоровавела: ‘Не со сила ни со снага туку со Мојот Дух! - слово е на Господа над Војските. 7 Што си ти голема горо? Пред Зоровавела стануваш рамница! Тој ќе го извлече врвниот камен со воскликнување: „Благодат! Благодат нему!”‘“ 8 Потоа ми дојде Господово слово: 9 „Зоровавеловите раце му ставија основи на овој Дом, неговите раце ќе го довршат. И вие ќе знаете дека Господ над Воинствата ме испрати кај вас. 10 Зашто, кој го презре денот на скромните почетоци? Ќе се радуваат кога ќе видат камено висулче во Зоровавеловите раце. Овие седум се Господовите очи што ја опфаќаат со поглед сета земја.” 11 Тогаш проговорив и го прашав: „Што се оние две маслинови дрва оддесно и одлево на светилникот?” 12 Пак проговорив и го прашав: „Што се оние две маслинови гранчиња што низ две златни цевки дотуруваат масло?” 13 Тој ми одговори: „Зар не знаеш што е тоа?” Одговорив: „Не, господару.” 14 Тој рече: „Тоа се два помазаника кои стојат пред Господарот на целата земја.”
1 Ги подигнав очите и видов: книжен свиток лета. 2 Ангелот ме праша: „Што гледаш?” Одговорив: „Гледам книжен свиток како лета: должината му е дваесет лакти, а ширината десет.” 3 Тогаш тој ми рече: „Тоа е проклетството што ќе ја зафати целата земја; отсега секој што краде ќе биде истеран според него оттука; и секој кој се колне лажно ќе биде истеран оттука според него. 4 „Јас ќе го изведам - говори Господ над Војските - за да влезе во куќата на крадецот и во куќата на оној што се колне лажно во Моето име, та да престојува во неговата куќа и да ја уништи заедно со нејзините дрва и камења.” 5 Ангелот кој зборуваше со мене излезе и ми рече: „Подигни ги очите и погледај што се појавува тоа?” 6 Јас го прашав: „Што е тоа?” Тој рече: „Тоа што се појавува е ефа,” и продолжи: „Тоа е општата расипаност на земјата.” 7 И ете, се крена оловен поклопец и една жена седи сред ефата. 8 Тој рече: „Тоа е злото.” И ја турна во ефата и и фрли оловен поклопец врз отворот. 9 Ги подигнав очите, видов: две жени излегуваат со ветрот со крила, а крилата им беа како штркови крила; тие ја кренаа ефата меѓу земјата и небото. 10 Тогаш го прашав ангелот кој разговараше со мене: „Каде ја однесуваат ефата?” 11 Тој ми одговори: „За да и изградат храм во Сенарската земја и за да и подготват подножје врз кое ќе ја постават.”
1 И ги подигнав очите и видов: ете, четири бојни коли излегуваат меѓу две гори; а горите беа од бронза. 2 Во првата кола беа костенливи коњи; во втората кола црни коњи; 3 во третата кола бели коњи, а во четвртата кола лисести коњи. 4 Му се обратив на ангелот кој зборуваше со мене и го прашав: „Што е тоа господару?” 5 Ангелот ми одговори вака: „Тие тргнуваат кон четирите страни на небото откако стоеја пред Господарот на целата земја. 6 Костенливите коњи тргнуваат во Источната Земја; црните во Северната Земја; белите во Западната Земја, а шароликите во Јужната Земја.” 7 Тие чекорат цврсто, нестрпливи за да ја обиколат земјата! И тие тргнаа да ја обиколуваат земјата. 8 Тој ме повика и ми рече: „Гледај, оние што тргнаа во Северната Земја ќе го смират мојот дух во Северната Земја.” 9 И ми дојде Господово слово: 10 „Земи приноси од заточениците - од Хелдај, од Тобиј и од Једај - и тргни денес и влези во домот на Јосиј, синот Софониев, кој дојде од Вавилон. 11 Земи сребро и злато, направи круна и стави ја на главата на Исус синот Јоседеков, велесвештеник. 12 И речи му: „Господ над Војските зборува вака: ‘Еве го човекот кому му е името Подник; од под него ќе израсне и тој ќе го изгради Господовиот Храм. 13 Тој ќе го изгради Господовото Светилиште и ќе се прослави. Тој ќе седи и ќе владее на својот престол. А ќе биде и свештеник на престолот свој. Совршена складност ќе биде меѓу нив.”‘ 14 „А круната нека остане во Господовото Светилиште за спомен на Елема, Тобиј, Једај и Јосиј, синот Софониев. 15 И оние што се далеку ќе дојдат и ќе го изградат Господовото Светилиште. Така ќе знаете дека Господ над Воинствата ме испрати кај вас. Тоа ќе се збидне ако навистина го послушате гласот на Господа, вашиот Бог.”
1 Во четвртата година на царот Дариј, во четвртиот ден на деветиот месец, Хаслев, му дојде Господовото слово на Захарија. 2 Имено Ветил ги испрати Сар-Асар и Реге-Мелех со нивните луѓе да го молат Господовото лице 3 и да ги прашаат свештениците во Домот на Господа над Воинствата и пророците: „Дали да плачам во петтиот месец и да постам како што правев веќе толку години?” 4 Тогаш ми дојде Господовото слово: „Речи им на сиот народ во земјата и на свештениците: 5 ‘Кога постите и тажите во петтиот и во седмиот месец веќе седумдесет години, зар Мене Ми постите? 6 А кога јадете и пиете, зар не јадете и пиете за себе? 7 Не се ли тие прописите што Господ ги објави преку некогашните пророци кога Ерусалим беше населен и мирен како и градовите околу него, и кога беа населени Негев и Шефел?’” 8 Господовото слово му дојде на Захарија: 9 „Господ над Војските зборува вака: ‘Судете справедливо и бидете милостиви и сострадателни едни кон други. 10 Не угнетувајте ги вдовицата ни сиракот, ни придојденикот ни бедниот, и не смислувајте зло во срцето еден против другиот.’ 11 Не, тие не сакаа да послушаат, туку упорно ги свртија плеќите; ги затнаа ушите за да не чујат; 12 окоравеа со срцето како камен, за да не ги чујат Законот и зборовите кои им ги праќаше Господ над Воинствата, со Својот Дух, преку древните пророци, и Господ над Војските тогаш се разгневи силно. 13 И затоа, како што Тој ги викаше а тие не Го слушаа, така сега тие викаат а Јас не ги слушам - говори Господ над Војските. 14 И ги распрснав меѓу сите народи кои не ги познаваа, а земјата зад нив беше запустена, та никој не поминуваше низ неа ниту се враќаа. Така земјата на благосостојба ја претворија во пустина!”
1 И ми дојде Господово слово: 2 „Господ над Воинствата зборува вака: ‘Изгорувам со ревносна љубов за Сион и со голем гнев пламнувам за него! Се враќам во Сион, сакам да живеам сред Ерусалим.’ 3 Господ над Војските зборува вака: ‘Ерусалим ќе се вика Град на вистина и Гората на Господа над Војските, Гора на светост.’ 4 Господ над Војските зборува вака: ‘Старците и старичките пак ќе седнат по ерусалимските раскрсници, секој со стап во раката заради преголемата старост. 5 А градските улици ќе се исполнат со момчиња и девојчиња, кои ќе играат по неговите улици.’ 6 Господ над Воинствата зборува вака: ‘Ако тоа биде чудо во очите на Остатокот во тие денови, зар ќе биде тоа чудо и во Моите очи - говори Господ над Војските. 7 Господ над Војските зборува вака: ‘Еве ќе го спасам Мојот народ од Источната Земја и од земјата на сончевиот запад. 8 Јас ќе ги доведам за да се населат сред Ерусалим и ќе Ми бидат народ, а Јас ќе им бидам Бог во вистина и во правда.’ 9 Господ над Војските зборува вака: ‘Нека ви зајакнат рацете вам кои во овие денови ги слушате зборовите од устата на пророците, кои пророкуваа од денот кога беа положени основите на Домот на Господа над Воинствата за да се изгради пак Светилиштето. 10 Зашто, пред тие денови немаше надница ни за човекот, ниту надница за животинчето; ниту имаше мир од непријателот за оној кој излегуваше, ни за оној кој влегуваше; ги пуштав луѓето едни против други. 11 Но сега, нема да бидам спрема Остатокот на народот како во минатите денови - слово е на Господа над Војските - 12 туќу ќе испратам мир: лозата ќе роди грозје, земјата ќе дава посеви, а небото ќе ја дава својата роса. Сè тоа ќе му го дадам на Остатокот на овој народ. 13 И како што бевте проклетство меѓу народите, Јудин доме, и Израелев доме, така ќе ве спасам за да бидете благослов! Не бојте се, нека ви бидат силни рацете!’ 14 „Зашто Господ над Војските зборува вака: ‘Како што намислив да ве казнам вас кога ме разгневија вашите татковци - зборува Господ над Војските - не се покајав, 15 така, сменувајќи ја намислата, во овие денови мислам да им направам добро на Ерусалим и Јудиниот дом. Не бојте се! 16 А ова треба да го правите: Зборувајте вистина еден на друг; судете справедливо и мирољубиво при градските врати! 17 Не мислете зло во срцето еден на друг; не љубете ја лажната заклетва. Зашто Јас го мразам сè тоа,’ - слово е Господово!” 18 Ми дојде слово на Господа над Воинствата: 19 „Господ над Војските зборува вака: ‘Постот на четвртиот, постот на петтиот, постот на седмиот и постот на десеттиот месец ќе станат радост, веселба и радосни празници за Јудиниот дом. Но љубете ги вистината и мирот!’ 20 Господ над Војските зборува вака: ‘Уште ќе доаѓаат народи и жители на многу градови. 21 Жителите на еден град ќе одат во друг, велејќи: „Ајде да одиме да Го молиме Господовото лице и да Го бараме Господа над Воинствата! Ќе одам и јас!” 22 И ќе дојдат многу луѓе и силни народи ќе Го бараат Господа над Воинствата во Ерусалим и ќе го молат Господовото лице.’ 23 Господ над Војските зборува вака: ‘Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: „Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас.”‘“
1 Бреме на Господовото слово против земјата Адрах и Дамаск, негово почивалиште; Зашто Господови се градовите на Арам и сите племиња на Израел. 2 Емат исто така, кој граничи со нив, 3 и Тир и Сидон, толку мудар. Тир изгради тврди ѕидишта, собра сребро како прав и злато како кал од улиците. 4 Но ете, Господ ќе го освои, ќе ја фрли во море неговата сила, а него ќе го проголта оган. 5 Аскалон ќе го види тоа и ќе се исплаши, а Газа ќе затрепери сета, и Акарон, зашто го измами надежта: ќе го снема царот од Газа, Аскалон ќе остане пуст. 6 „Туѓинци ќе живеат во Азот! Ќе ја сотрам гордоста на Филистејците, 7 ќе им ги отстранам крвта од устата и гадоста од забите. И тие ќе Му припаднат на нашиот Бог и ќе бидат како водач во Јудеја, а Акарон ќе биде како Евусеец. 8 И ќе се настанам како стража покрај Својот Дом, против оние кои доаѓаат и заминуваат; угнетувач веќе нема да поминува оттука, зашто ја видов неговата беда. 9 Ликувај од радост Сионска Ќерко! Воскликнувај, Ерусалимска Ќерко! Еве твојот Цар иде при тебе: справедлив е и спасува, кроток и седнал на осле, на ослица, младенче на ослицата. 10 Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрем и коњите во Ерусалим; и ќе биде скршен бојниот лак. Тој ќе им навести мир на народите; власта ќе му се прошири од море до море и од Реката до краиштата на земјата. 11 А и тебе, заради крвта на твојот Завет, ќе ти ги ослободам твоите заточеници од безводните јами. 12 Вратете се во тврдината, заточеници полни со надеж, уште денес - Јас навестувам - двојно ќе ти вратам. 13 Зашто, Јуда го оптегнав како лак, а Ефрема го ставив како стрела: твоите синови, о Сионе, ќе ги подигнам против твоите синови, о Јаване - и ќе те направам како меч на јунак.” 14 Тогаш Господ ќе се појави над нив и Неговата стрела ќе лета како молња. Господ Бог ќе затруби во рог, ќе оди врз јужните виори. 15 Господ над Силите ќе ги заштити, и тие ќе ги газат со нозе камењата од праќките, ќе пијат и ќе подвикнуваат како од вино, ќе се наполнат како жртвените чаши, како аглите на жртвеникот. 16 Господ Бог нивниот ќе ги спаси во оној ден; како стадо Тој ќе го пасе Својот народ; како бесцено камење на круната, тие ќе блескаат во Неговата земја. 17 Ах, колку среќен, колку убав, ќе биде! Младите ќе растат од жито, а девиците од благото вино.
1 Барајте од Господа дожд во пролетно време! Господ ги создава молњите и дава дожд; му дава леб на човекот а трева на добитокот. 2 Лажно вражат киповите на божествата, гатачите гледаат измама, соништата зборуваат измама, даваат измамлива утеха, затоа луѓето скитаат како стадо, скитаат, немаат пастир. 3 „Мојот гнев пламна против пастирите, и Јас ќе ги казнам јарците. Да, Господ над Војските ќе го посети Своето стадо, Јудиниот дом, и ќе направи да бидат како неговиот накитен коњ во бој; 4 од него ќе излезат крајаглениот камен, шаторскиот клин, од него бојниот лак, од него сите водачи. 5 Ќе бидат заедно како јунаци кои во бојот газат како по улична кал; ќе војуваат зашто Господ е со нив, и ќе ги засрамат оние кои јаваат коњи. 6 Ќе го зајакнам Јудиниот дом, ќе го спасам Јосифовиот дом. Пак ќе ги населам, ми е жал за нив, и ќе биде како да не сум ги отфрлил, зашто Јас Сум Господ, нивниот Бог - ќе ги послушам. 7 Ефремците ќе бидат како јунаци, и ќе им се радува срцето како од вино: ќе ги видат своите синови и ќе се веселат, во Господа ќе воскликнува нивното срце. 8 Ќе им свирнам и ќе ги соберам, зашто Јас ги избавив, ќе бидат пак многубројни како што беа. 9 Ги расеав меѓу народите, но тие ќе си спомнат за Мене во далечните земји, ќе живеат со своите синови и тие ќе се вратат. 10 Ќе ги вратам од Египетската Земја, ќе ги соберам од Асирија и ќе ги доведам до Галадската Земја и на Ливан, и не ќе има доста место за нив. 11 Ќе го поминат Египетското Море, зашто Тој ќе ги удри морските бранови, ќе пресушат сите длабочини на Нил. Ќе се смири гордоста на Асирија и ќе му биде одземен скиптарот на Египет. 12 Нивната сила ќе биде во Господа, тие ќе се прослават со Неговото Име” - говори Господ.
1 Отвори ја вратата, Ливанону, огнот нека ти ги изгори кедровите! 2 Лелекај, чемпресу, зашто падна кедарот, зашто се упропастени силниците! Ридајте, васански дабови, зашто е исечена најгустата гора. 3 Чуј го ридањето на пастирите, запустен е нивниот сјај! Чуј го рикањето на лавчињата, запустена е јорданската гордост! 4 Господ мојот Бог ми рече вака: 5 „Паси ги овците за колење! Нивните купувачи ги колат неказнето, а кои ги продаваат велат: ‘Благословен да биде Господ, се збогатив!’ и нивните пастири не ги штедат. 6 Ни Јас веќе не ќе ги штедам жителите на земјата - говори Господ - туку: еве, го предавам секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја разурнат земјата, а Јас нема да ги избавам од нивните раце.” 7 Почнав да ги пасам овците за колење на трговците со овци та зедов два стапа: едниот го нареков благост, другиот врска. Така го пасев стадото. 8 И во еден месец истребив три пастири. Но и овците ми здодеаја, Ме замразија. 9 Тогаш реков: „Не ќе ве пасам веќе! Која треба да пцовиса, нека пцовиса! Која треба да ја снема, нека ја снема! А кои ќе останат, една на друга нека си го изедат месото!” 10 Тогаш го зедов мојот жезол благост и го скршив за да го раскинам Заветот што го имав склучено со сите народи. 11 И тој беше раскинат во оној ден, и трговците со овци кои гледаа, научија дека тоа беше Господово слово. 12 Тогаш им реков: „Ако ви е добро тоа, дајте ми плата; ако не е, не давајте.” Тие ми ја одмерија платата триесет сребреници. 13 А Господ ми рече: „Фрли ја во ризницата таа убава цена со која ме оценија!” Јас ги зедов триесетте сребреници и ги фрлив во ризницата на Господовиот Дом. 14 Тогаш го скршив и својот втор жезол, врските - за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израел. 15 И Господ ми рече: „Земи ја уште опремата на безумниот пастир, 16 зашто, еве, ќе подигнам еден безумен пастир во оваа земја: тој нема да се грижи за изгубените, не ќе ги бара заскитаните, не ќе ги лечи ранетите, не ќе ги носи изнемоштените, туку ќе јаде месо од дебелите и ќе им ги кине копитата. 17 Тешко му на неспособниот пастир, кој го остава стадото! Мечот нека му ги стигне раката и десното око! Десницата нека му се исуши сосем, десното око нека се затемни сосем!”
1 Пророштво. Господова беседа за Израел. Зборува Господ Кој ги оптегна небесата, ја основа земјата и му создаде дух на човекот во него: 2 „Еве, ќе го направам Ерусалим опојна чаша за сите народи наоколу - за време на опсадата на Јуда и Ерусалим. 3 Во оној ден ќе го направам Ерусалим тежок камен за сите народи: сите кои ќе го дигаат ќе се ранат тешко, а ќе се соберат против него сите народи на земјата. 4 Во оној ден - говори Господ - ќе ги поразам сите коњи со страв, а нивните јавачи со безумност. Но над Јудиниот дом ќе ги отворам очите, а со слепило ќе ги поразам сите коњи и народите. 5 Тогаш Јудините кнезови ќе речат во срцето: ‘Силата на Ерусалим е во Господа над Војските, нивниот Бог!’ 6 Во оној ден ќе направам Јудините кнезови да бидат како жар вжарена на дрва, како запалена гламна сред снопови: и ќе ги голта оддесно и одлево сите народи наоколу. А Ерусалим ќе стои и натаму на своето место. 7 Господ ќе ги спаси најнапред Јудините шатори за да не се издигнат над Јуда гордоста на Давидовиот дом и гордоста на Ерусалимците: 8 Во оној ден Господ ќе ги закрили Ерусалимците: најслабиот меѓу нив ќе биде во оној ден како Давид, а Давидовиот дом ќе биде како Бог, како Господов ангел пред нив. 9 Во оној ден ќе барам да ги уништам сите народи кои го нападнаа Ерусалим. 10 А врз Давидовиот дом и врз Ерусалим ќе излеам милостив и молитвен дух. И ќе гледаат на Оној Кого го прободија; ќе тажат над Него како над единец; ќе го оплакуваат горко како првенец. 11 Во оној ден ќе настане голем плач во Ерусалим, како плачот во Ададримон, во Мегидонската Рамница. 12 И земјата ќе плаче; секое семејство насамо, и нивните жени насамо: семејството на Давидовиот дом насамо, и нивните жени насамо; семејството на Натановиот дом насамо, и нивните жени насамо; 13 семејството на Левиевиот дом насамо, и нивните жени насамо; семејството Семеево насамо, и нивните жени насамо; 14 и сите други семејства, секое семејство за себе, и нивните жени насамо.
1 Во оној ден ќе им се отвори извор на Давидовиот дом и на Ерусалимците, за да се измијат од гревот и од нечистотата. 2 Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе ги откорнам од земјата имињата на киповите за да не се спомнуваат веќе; ќе ги оддалечам од земјата и пророците и духот на нечистотата. 3 Ако некој уште ќе пророкува таткото и мајката кои го родија ќе му речат: ‘Не ќе живееш веќе, зашто зборуваш лага во Господово име!’ Таткото и мајката, кои го родија, ќе го прободат кога ќе пророкува. 4 Во оној ден секој пророк ќе се срами од своето видение: не ќе се наметнуваат веќе со наметка од козина за да лажат, 5 туку ќе рече: ‘Јас не сум пророкот; јас сум земјоделец, земјата е мое добро од младоста!’ 6 Ако некој го праша: ‘Какви ти се тие рани по рацете?’ тој ќе одговори: ‘Ранет сум кај пријателите.’ 7 Разбуди се мечу, против мојот пастир, против човекот, мојот роднина - говори Господ над Воинствата. Удри го пастирот, и овците ќе се разбегаат! Ќе ја свртам раката против слабите, 8 и во целата земја - говори Господ - ќе бидат истребени две третини, а една третина оставена. 9 Таа третина ќе ја поминам низ оган, ќе ги очистам како што се чисти среброто, ќе ги очистам како што се очистува златото и тие ќе го повикуваат Моето име, а Јас ќе им се одѕвијам; и ќе речам: ‘Тоа е Мој народ!’ а тие ќе речат: ‘Господ е мој Бог!’”
1 Ете, доаѓа Господовиот ден кога ќе биде поделен пленот сред тебе. 2 И ќе ги соберам сите народи во Ерусалим во борба. И ќе го заземат градот, и ќе ги ограбат куќите и ќе ги изнасилат жените. Половина од градот ќе отиде на заточение, но остатокот нема да биде истребен од градот. 3 Тогаш Господ ќе излезе и ќе се бори против тие народи како што Тој знае да војува во воен ден. 4 Во оној ден, Неговите нозе ќе стојат на Маслиновата Гора што е спроти Ерусалим, на исток. И ќе се распука Маслиновата Гора по средина, меѓу исток и запад, во голема долина: едната половина ќе се измести кон север, другата кон југ. 5 И ќе побегнете во долината на Мојата Гора, зашто Долината на Гората ќе се простира до Асал и вие ќе избегате како што бегаа од земјотресот во деновите на Озиј, јудејскиот цар. Тогаш ќе дојдат Господ, Мојот Бог, и сите свети со Него. 6 Во оној ден не ќе има светлина ни мраз ни горештина. 7 Тоа ќе биде чудесен ден - Господ го знае - ни ден ни ноќ; и за време на темнина ќе биде светло. 8 Во оној ден жива вода ќе потече од Ерусалим, половина кон Источното Море, половина кон Западното Море. Така ќе биде и лете и зиме. 9 И Господ ќе биде Цар над сета земја. Во оној ден Господ ќе биде единствен и Неговото име единствено. 10 Сета земја ќе се претвори во рамница, од Гаваја до Негевскиот Римон. А Ерусалим ќе се возвиши на своето место; и ќе биде населен од Венијаминовата Врата до Првата Врата, односно до Аголната Врата, и од Ананеиловата Стражарница до Царевите Линови. 11 Пак ќе се живее во него, и веќе не ќе има проклетство; Ерусалим ќе живее во безопасност. 12 А еве со која рана Господ ќе ги удри сите народи кои ќе завојуваат против Ерусалим: месото ќе им се распаѓа додека бидат на нозе; очите ќе им гнијат во очните дупки, јазикот ќе гние во устата. 13 Во оној ден ќе настане меѓу нив силен смут од Господа; едниот ќе го фаќа другиот за рака, и раката на едниот ќе се крева против другиот. 14 И Јуда ќе се бори во Ерусалим. Тука ќе се соберат богатствата на сите околни народи: злато, сребро, облека во големо изобилство. 15 А слична рана ќе падне на коњите, мазгите, камилите и ослите, и на сета стока што ќе се најде во нивните логори. 16 Кој ќе преживее од сите народи што дојдоа против Ерусалим ќе доаѓаат од година во година за да се поклонат пред Царот, пред Господа над Воинствата, и за да го слават празникот Сеници. 17 Ако некое племе на земјата не дојде во Ерусалим за да се поклони пред Царот, пред Господа над Војските, не ќе има дожд за него. 18 Ако египетското племе не се искачи и не дојде, ќе го стигне истиот удар со кој Господ ќе ги удри народите кои не би дошле да го празнуваат празникот Сеници. 19 Таква ќе им биде казната на Египет и на сите народи кои не ќе дојдат да го празнуваат празникот Сеници. 20 Во оној ден ќе стои врз коњските прапорци: „Посветен на Господа;” а во Господовиот Дом ќе бидат грнци како жртвени чаши пред жртвеникот; 21 и секој грнец во Ерусалим и во Јудеја ќе Му биде посветен на Господа над Воинствата - сите кои што ќе сакаат да жртвуваат ќе ги земаат и ќе варат во нив. И во оној ден не ќе има веќе трговци во Домот на Господа над Војските.
1 Пророштво. Господово слово до Израел преку Малахија. 2 „Ве љубев вас - зборува Господ, а вие прашувате: ‘ Во што нè љубеше?’ Не беше ли Исав брат Јаковов? - говори Господ - 3 но го возљубив Јакова, а Исава го замразив: му ги претворив градовите во пустина, а неговото наследство им го дадов на пустинските шакали.” 4 Зашто, ако Едом рече: „Бевме здробени, но пак ќе ги подигнеме урнатините!” Господ над Војските говори вака: „Тие нека градат, а Јас ќе разградувам! Ќе ги наречат безбожничка земја и народ, на кого Господ се срди довека! 5 Вашите очи ќе видат, и ќе речете: ‘ Господ да се возвеличи, преку границите на Израелевата Земја.’ 6 Синот го почитува таткото, а слугата господарот. Но ако Сум Јас Татко, каде е почитувањето кон Мене? Ако Сум Господар, каде е стравот од Мене? Тоа ви говори Господ над Воинствата вам, свештеници, кои го презирате Моето име, а прашувате: ‘ Со што го презревме Твоето име?’ 7 Принесувате обесветен леб врз Мојот жртвеник и уште прашувате: ‘ Со што Те обесветивме?’ Со тоа што велите: ‘ Господовиот стол е неважна работа!’ 8 А кога за жртва принесувате слеп добиток, зар тоа не е зло? И кога принесувате хромо и болно зар тоа не е зло? Донеси му нешто такво на својот намесник, дали ќе биде задоволен и дали ќе те прими добро? - говори Господ над Воинствата. 9 Сега, помолете се на Бога за да ни се смилува. Тоа го донесуваат вашите раце, дали ќе ве прими добро? - зборува Господ над Војските. 10 О, кога некој од вас би ја затворил вратата, за да не Ми палите напразно оган врз жртвеникот! Не сте Ми мили - говори Господ над Воинствата - и не примам жртва од вашите раце. 11 Зашто од исток до запад, велико ќе биде Моето Име меѓу народите, и на секое место ќе се принесува темјан и чиста жртва на Моето Име меѓу народите - говори Господ над Воинствата. 12 Но, вие го осквернувате кога зборувате: ‘ Господовиот стол не е почитуван и храната врз него не е за ништо!’ 13 Уште велите: ‘ Ете штета на трудот!’ и го презирате - говори Господ над Војските. Кога доведувате ограбена, хрома и болна стока, та ја принесувате како жртвен дар, зар да го примам тоа милостиво од вашата рака? - говори Господ над Воинствата. 14 Проклет да е измамникот, кој во стадото има овен, што Ми го заветувал, а Ми жртвува јалова овца. Зашто Јас Сум Велик Цар - зборува Господ над Воинствата. - и Моето Име е страшно меѓу народите.
1 А сега ви заповедам, свештеници! 2 Ако не послушате, ако не земете на срце да Го прославите Моето Име - зборува Господ над Воинствата - ќе испратам клетва врз вас и ќе го проколнам вашиот благослов, и веќе го проколнав зашто не го зедовте тоа на срце. 3 И ќе ви ја скршам раката, ќе ви фрлам нечистота во лицето, нечистотата на вашите празници, и ќе ве отстранам заедно со нив. 4 По тоа ќе знаете: тоа беше Моја опомена, за да остане Мојот Завет со Левиј - зборува Господ над Војските. 5 А Мојот Завет со нив беше Завет на живот и мир - Јас му ги дадов: за страв - и тој се плашеше од Мене, го почитуваше Моето име. 6 Законот на вистината беше во неговата уста, немаше вина на неговите усни; одеше по Мене во мир и справедливост и мнозина одврати од грев. 7 Да, свештениковите усни треба да го чуваат знаењето, а од неговата уста треба да се бара Законот: зашто тој е пратеник на Господа над Воинствата. 8 Но вие застранивте од патот, направивте мнозина да се сопнуваат од Законот, го изгазивте Левиевиот Завет - зборува Господ над Воинствата. 9 Затоа направив да ве презираат и да ве понижуваат сите народи, зашто не се држевте за Моите патишта, туку бевте пристрасни применувајќи го Законот.” 10 Немаме ли сите еден татко? Не нè создаде ли еден Бог? Зошто сме тогаш неверни еден на друг та го осквернуваме Заветот на своите татковци? 11 Јуда изневери, направија срам во Израел и Ерусалим, зашто Јуда ја оскверни Светината, која Бог ја љубеше и се ожени со ќерката на туѓ бог. 12 Секој кој ќе направи така, ма кој да бил тој, Господ нека го откорне од Јакововите шатори и од сред оние кои Му принесуваат жртва на Господа над Војските! 13 И вие го правите уште ова: го залевате со солзи Господовиот жртвеник, со плач и ридање, зашто Тој веќе не погледнува кон приносот. Тој не му е угоден од вашите раце. 14 И вие прашувате: „Зошто?” Зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, на која и си неверен, иако ти беше сопруга и твоја законска жена. 15 Не направи ли Тој едно? Освен тоа, остатокот на Духот е во него. А што е тоа едно? Тоа, што Тој бара Божјо потомство! И така, почитувај го својот дух и не биди и неверен на жената на својата младост. 16 „Зашто Јас го мразам напуштањето на жената - зборува Господ, Израелевиот Бог - и оној, кој со неверство ги валка своите облеки - говори Господ над Воинствата! И така, внимавајте на својот дух, не бидете вероломни.” 17 Му досадувате на Господа со своите зборови, а прашувате: „Со што Му досадуваме?” Со тоа што зборувате: „Сите кои прават зло, добро се видени во Господовите очи и таквите Му се мили!” или: „Каде е Бог на правдата?”
1 „Еве го испраќам Мојот гласник за да приготви пат пред Мене, и ќе дојде одненадеж во Својот Храм Господ, Кого вие Го барате и Ангелот на Заветот, по кого копнеете. Еве Го, веќе доаѓа - говори Господ над Воинствата. 2 Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање и кој ќе устои кога Тој ќе се јави? Зашто Тој е како огнот на леарот и како пепелницата на белачот, 3 и ќе заседне како оној, кој топи и пречистува сребро. Ќе ги очисти Левиевите синови и ќе ги претопи како златото и среброто, за да Му принесат на Господа жртва во правда. 4 Тогаш приносот Јудин и на Ерусалим ќе Му биде мил на Господа, како во древните денови и како во првите години. 5 Ќе дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и прељубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние, кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и сирачето, против оние, кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене - говори Господ над Воинствата. 6 Зашто Јас, Господ, не се менувам, затоа вие, Јаковови синови, не бевте уништени! 7 Од времето на своите татковци отстапувате од Моите заповеди и не ги чувате. Вратете се при Мене и Јас ќе се вратам при вас - говори Господ над Воинствата. Прашуваат: ‘ Како да се вратиме?’ 8 Смее ли човек да Му задржува на Бога? А вие Ми задржувате Мене, и прашувате: ‘ Во што Ти задржуваме?’ Во десетокот и во приносот. 9 Удрени сте со проклетство, зашто Ми задржувате вие, сиот народ! 10 Донесете ги сите десетоци во ризницата, за да има храна во Мојот Дом. Тогаш испитајте Ме - зборува Господ над Војските - не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка; 11 нема ли заради вас да му забранам на скакулецот за да не ви ги расипува веќе посевите и за да не ви биде неплодна лозата во полето - говори Господ над Воинствата. 12 Тогаш сите народи ќе ве сметаат за среќни, зашто ќе бидете земја на блаженството - говори Господ над Воинствата. 13 Дрски се вашите беседи против Мене - вели Господ. 14 Вие сепак прашувате: ‘ Што сме зборувале меѓу себе против Тебе?’ Зборувавте: ‘Напразно е да Му се служи на Бога и каква е полза дека ги пазиме Неговите прописи и одиме жалосни пред Господа над Воинствата. 15 Отсега ќе ги наречуваме среќни горделивите: напредуваат оние кои прават зло, иако Го искушуваат Господа, се извлекуваат!’ 16 Но кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред Него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото Име. 17 „Мои ќе бидат, моја печалба - говори Господ над Воинствата. Во Денот што го подготвувам ќе им бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи.” 18 И тогаш пак ќе го разликувате праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи.
1 „Зашто еве, доаѓа ден вжарен како печка; горделивите и злосторниците ќе бидат како плева: денот кој наближува, ќе ги изгори - говори Господ над Воинствата - та нема да им остави ни корен ни гранче. 2 А вам, кои се боите од Моето име, ќе ви изгрее сонцето на правдата со здравје во крилјата, и вие ќе излегувате потскокнувајќи како телиња на пасење. 3 И ќе ги газите беззакониците како прав под нозете во Денот што го подготвувам - говори Господ над Воинствата. 4 Спомнете си за Законот на Мојсеја, Мојот слуга кому на Хорив му ги пропишав законите и уредбите за сиот Израел. 5 Еве, ќе ви го испратам пророкот Илија, пред да дојде Господовиот Ден, ден голем и страшен. 6 Тој ќе ги обрне срцата на татковците кон синовите, а срцата на синовите кон татковците, за да не дојдам и да не ја удрам земјата со проклетство.”
The New Testament of our Lord and Saviour Jesus Christ
1 Книга на родословот на Исуса Христа, син Давидов, син Авраамов: 2 На Авраама му се роди Исак, на Исака му се роди Јаков, на Јакова му се родија Јуда и неговите браќа. 3 На Јуда му се родија Фарес и Зара од Тамара, на Фареса му се роди Есром, а на Есрома му се роди Арам, 4 на Арама му се роди Аминадав, на Аминадава му се роди Насон, на Насона му се роди Салмон; 5 на Салмона му се роди Вооз од Рава, на Вооз му се роди Овид од Рута, на Овида му се роди Јесеј; 6 на Јесеја му се роди цар Давид. На цар Давид му се роди Соломон од Уриевата жена. 7 На Соломона му се роди Ровоам, на Ровоама му се роди Авија, на Авија му се роди Аса, 8 на Аса му се роди Јосафат, на Јосафата му се роди Јорам, на Јорама му се роди Озија, 9 на Озија му се роди Јоатам, на Јоатама му се роди Ахаз, на Ахаза му се роди Езекија, 10 на Езекија му се роди Манасија, на Манасија му се роди Амон, на Амона му се роди Јосија, 11 на Јосија му се родија Јехонија и неговите браќа во времето на преселувањето во Вавилон. 12 По Вавилонската преселба, на Јехонија му се роди Салатиел, на Салатиела му се роди Зоровавел, 13 на Зоровавела му се роди Авијуд, на Авијуда му се роди Елијаким, на Елијакима му се роди Азор, 14 на Азора му се роди Садок, на Садока му се роди Ахим, на Ахима му се роди Елијуд, 15 на Елијуда му се роди Елеазар, на Елеазара му се роди Матан, на Матана му се роди Јаков, 16 на Јакова му се роди Јосиф, мажот на Марија, која го роди Исуса, наречен Христос. 17 И така, сите родови од Авраама до Давида се четиринаесет родови; и од Давида до преселбата во Вавилон четиринаесет родови; и од преселбата во Вавилон до Христа четиринаесет родови. 18 А раѓањето на Исуса Христа стана вака: кога Неговата мајка Марија беше свршена за Јосифа, пред да се состанат, се најде забременета од Светиот Дух. 19 А нејзиниот маж Јосиф, бидејќи беше праведен и не сакаше јавно да ја засрами, намисли да ја остави тајно. 20 Но штом го намисли тоа, ете, Господов ангел му се јави на сон и му рече: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. 21 Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови.” 22 А сето тоа стана за да се исполни она, што Господ го рече преку пророкот, кој вели: 23 ”Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел, кое преведено значи: „Бог со нас!” 24 А кога Јосиф се разбуди од сонот, направи како што му заповеда Господовиот ангел, ја зеде својата жена. 25 И не ја позна, додека таа не Го роди нејзиниот Син, Првородениот; и тој Го нарече Исус.
1 А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим, 2 и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.” 3 Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него. 4 И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос. 5 А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така: 6 ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’ 7 Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата, 8 и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.” 9 Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. 10 И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. 11 И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. 12 И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја. 13 А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.” 14 И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет; 15 и таму беше до Иродовата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.” 16 Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците. 17 Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече: 18 ”Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.” 19 А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет, 20 и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.” 21 И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева. 22 Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; туку предупреден од Бога во сон отиде во пределите Галилејски; 23 и откако дојде се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците дека ќе се нарече Назареец.
1 Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи: 2 ”Покајте се, зашто се приближи царството небесно!” 3 Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: „Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот на Господа, направете ги прави Неговите патеки! 4 А сам Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините; а скакулците и дивиот мед му беа храна. 5 Тогаш излегуваа кон него: Ерусалим, цела Јудеја и целата Јорданска околина, 6 и тој ги крштаваше во реката Јордан, а тие ги исповедуваа своите гревови. 7 Штом виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: „Породи змијски, кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа? 8 Затоа, принесувајте плодови достојни на покајание, 9 и не мислете да речете во себеси: Авраам е наш татко, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраама. 10 Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. 11 Јас ве крштавам во вода за покајание; но Оној, Кој доаѓа по мене е посилен од мене, Кому јас не сум достоен да Му ги понесам обувките. Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган. 12 Лопатата е во Неговата рака, и ќе го очисти Своето гумно, и ќе го собере Своето жито во житницата; а плевата ќе ја изгори со неизгорлив оган.” 13 Тогаш Исус дојде од Галилеја до Јордан при Јована, за да се крсти од него. 14 А Јован го одвраќаше, велејќи: „Јас имам потреба да се крстам од Тебе, а Ти доаѓаш при мене?” 15 А Исус му одговори: „Позволи го сега тоа, зашто така ни прилега да ја исполниме сета правда.” Тогаш тој Му позволи. 16 А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата Му се отворија и го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. 17 И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината!”
1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. 2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. 3 Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови!” 4 А Тој одговори и рече: „Напишано е: ‘Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога’.” 5 Тогаш ѓаволот го одведе во Светиот Град, Го постави на крилото на Храмот, 6 и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, и ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.’ 7 Исус му рече: „Напишано е повторно: ‘Не искушувај Го Господа, твојот Бог’!” 8 Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, 9 и Му рече: „Ќе Ти го дадам сè ова ако паднеш и ми се поклониш.” 10 Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и ќе Му служиш само Нему!’” 11 Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, ангели дојдоа и Му служеа. 12 А кога чу дека Јован е предаден, се повлече во Галилеја. 13 И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите Завулонови и Нефталимови, 14 за да се исполни она што го рече пророкот Исаија: 15 ”Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, од другата страна на Јордан, Галилеја на народите; 16 народот, кој седеше во темнина, виде голема Светлина, и на оние, кои седеа во пределот и сенката на смртта, на нив им изгреа Светлина.” 17 Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто царството небесно се приближи!” 18 А кога одеше покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа: Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, дека фрлаа мрежа во морето, зашто беа рибари, 19 па им рече: „Дојдете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!” 20 А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа. 21 И кога отиде оттаму, виде натаму други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во кораб со татка им Заведеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика. 22 И тие веднаш ги оставија коработ и татка си и Го следеа. 23 И Исус обиколуваше по цела Галилеја, учејќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството, и лекувајќи секаква болест и секаква немоќ меѓу народот. 24 И се разнесе глас за Него по цела Сирија; и ги доведуваа при Него сите болни, кои страдаа од разни болести и маки, опфатени од демони, месечари и фатени, и ги излечи. 25 И Го следеше големо мноштво од Галилеја и Десеттоградието, од Ерусалим и Јудеја, и отаде Јордан.
1 Кога виде многу народ, се искачи на гората; и, откако седна, Му пристапија Неговите ученици, 2 и кога ја отвори Својата уста ги поучуваше, велејќи: 3 ”Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно! 4 Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени! 5 Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! 6 Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат! 7 Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! 8 Блажени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога! 9 Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји! 10 Блажени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно! 11 Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. 12 Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас. 13 Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат. 14 Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие; 15 ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. 16 Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.” 17 ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. 18 Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè. 19 И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно; 20 Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.” 21 ”Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ 22 А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец”, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник”, ќе биде виновен за во огнениот пекол. 23 И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, 24 остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. 25 Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. 26 Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.” 27 ”Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’ 28 А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. 29 Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. 30 И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот. 31 ”Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека и даде разводно писмо.’ 32 А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.” 33 ”Уште сте чуле, дека им било речено на старите: ‘Не нарушувај ја клетвата, а исполнувај ги пред Господа своите клетви.’ 34 А Јас ви велам: не колнете се никако; ниту во небото, зашто е Божји престол; 35 ниту во земјата, зашто е подножје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар. 36 Не ќе се колниш ни во својата глава, зашто не можеш ниедно влакно да го направиш бело или црно! 37 Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е.” 38 ”Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ 39 А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. 40 Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. 41 Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. 42 Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.” 43 ”Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. 44 А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; 45 за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните. 46 Зашто ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто? 47 И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено?Зар не го прават истото и цариниците? 48 И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.”
1 „Внимавајте да не ја вршите својата правда пред луѓето, за да ве видат тие; инаку немате награда од вашиот Татко, Кој е во небесата. 2 И така, кога правиш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да бидат славени од луѓето. Вистина ви велам, ја имат својата награда. 3 А ти, кога правиш милостина, нека не ти знае левицата, што ти прави десницата, 4 за да биде твојата милостина во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.” 5 ”И кога се молите, не бидете како лицемерите, кои сакаат да се молат стоејќи по синагогите и на аглите од улиците, за да ги видат луѓето; вистина ви велам, ја имат својата награда. 6 А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.” 7 ”А кога се молите, не употребувајте напразни повторувања како народите; зашто мислат дека ќе бидат послушани, заради многуте зборови. 8 И така, не бидете како нив, зашто вашиот Татко знае што ви е потребно, уште пред да Го помолите. 9 Туку молете се вака: „Татко наш, Кој си во небесата, да се свети Твоето име; 10 да дојде Твоето царство, да биде Твојата волја, како во небото, така и на земјата; 11 нашиот насушен леб, дај ни го денес; 12 и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштаваме на нашите должници; 13 и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин!” 14 ”Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам. 15 Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ни вашиот Татко нема да ви ги прости вашите.” 16 ”А кога постите, не бидете тажни како лицемерите; зашто си ги помрачуваат лицата, за да ги видат луѓето дека постат; вистина ви велам, ја имат својата награда. 17 А ти, кога постиш, помажи ја својата глава и измиј го своето лице, 18 за да не те видат луѓето дека постиш, но твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.” 19 ”Не собирајте си богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуват, и каде што крадци поткопуваат и крадат; 20 туку собирајте си богатства во небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат; 21 зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце.” 22 ”Светилото на телото е окото. И така, ако твоето око е бистро, целото твое тело ќе биде осветлено; 23 но ако твоето око е лукаво, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, колкава ќе биде темнината!” 24 ”Никој не може да им служи на два господара; зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе му биде приврзан на едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите на Бога и на мамона.” 25 ”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката? 26 Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив? 27 Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот? 28 Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат; 29 а Јас ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив. 30 И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе вас, маловерни? 31 И така не грижете се, велејќи: ‘Што ќе јадеме?’ или: ‘Што ќе пиеме?’ или: ‘Што ќе облечеме?’ 32 Зашто сето тоа го бараат народите, зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето ова. 33 Но, барајте го првин царството Божјо и Неговата правда, и сè тоа ќе ви се додаде. 34 И така, не грижете се за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе се грижи за себеси. Доста му е на секој ден неговото зло.”
1 „Не судете, за да не бидете судени! 2 Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери.” 3 ” Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око? 4 Или, како ќе му речеш на брата си: ‘Дозволи ми, да ти ја извадам раската од твоето око; а, пак, ете, во твоето око има греда?’ 5 Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш јасно, како да ја извадиш раската од окото на брата си.” 6 ”Не давајте им го она што е свето на кучињата; ниту фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, и да се завртат и да ве раскинат.” 7 ”Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. 8 Зашто секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори. 9 Или, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен? 10 Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија? 11 И така, ако вие, кои сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе вашиот Татко, Кој е во небесата, ќе им даде добра на оние, кои Го молат?” 12 ”И така, сè што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.” 13 ”Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа. 14 Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.” 15 ”Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци. 16 Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? 17 Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. 18 Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. 19 Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган. 20 И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.” 21 ”Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата. 22 Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’ 23 И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’ 24 ”И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. 25 И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. 26 И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. 27 И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.” 28 И кога Исус ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење; 29 зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како нивните книжници.
1 А кога слезе од гората, големо мноштво Го следеше. 2 И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.” 3 Тогаш Исус ја испружи својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди очистен!” И веднаш се очисти неговата лепра. 4 И Исус му рече: „Гледај, никому да не му кажеш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот, што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.” 5 А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше, велејќи: 6 ”Господи, мојот слуга лежи фатен дома и многу се мачи.” 7 Исус му рече: „Јас ќе дојдам и ќе го исцелам.” 8 А стотникот во одговор му рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; туку кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен. 9 Зашто исто и јас сум подвластен човек, и имам војници под себе; му кажувам на едниот: ‘Оди!’ и тој оди; и на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и тој прави. 10 А кога Исус го чу тоа се зачуди и им рече на оние, кои Го следеа: „Вистина ви велам, во никого во Израел не најдов толкава вера. 11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе седнат со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно; 12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, каде ќе биде плач и чкртање на заби.” 13 И Исус му рече на стотникот: „Оди си, нека ти биде, како што си верувал.” И неговиот слуга оздраве во истиот час. 14 И кога Исус дојде во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска. 15 Ја допре раката нејзина, и треската ја остави, и таа стана и им служеше. 16 А кога настапи вечер, Му доведоа многу опфатени од демони. Тој со збор ги истера духовите и ги исцели сите болни. 17 За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите слабости и ги понесе нашите болести.” 18 А кога Исус виде големо мноштво околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна. 19 И пристапувајќи Му еден книжник Му рече: „Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш.” 20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небесни - гнезда, а Синот Човечки нема каде да ја положи главата.” 21 А друг од Неговите ученици Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам татка си.” 22 А Исус му рече: „Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци.” 23 И кога влезе во коработ, Неговите ученици Го следеа. 24 И ете, голема бура се подигна во морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше. 25 И Му пристапија учениците и Го разбудија, велејќи: „Господи, спаси нè! Загинуваме!” 26 И им рече: „Зошто се боите, маловерни?” Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и настана голема тишина. 27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Каков е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?” 28 И кога дојде на другата страна, во Гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, многу свирепи, така што никој не можеше да помине по оној пат. 29 И ете, извикаа, велејќи: „Што имаш со нас Ти, Исусе Сине Божји! Дали дојде ваму, за да нè измачуваш пред време?” 30 А далеку од нив пасеше големо стадо свињи. 31 А демоните Го молеа, велејќи: „Ако нè изгониш, позволи ни да отидеме во свињите.” 32 И им рече: „Отидете!” А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целото стадо се стрча низ карпата во морето, и загина во водите. 33 А свињарите побегнаа, и штом дојдоа во градот, известија за сè, и за она што им се случи на опседнатите. 34 И ете, целиот град Му излезе во пресрет на Исуса, и кога Го видоа Го замолија да си отиде од нивниот крај.
1 И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. 2 А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.” 3 И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.” 4 А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? 5 Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ 6 Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.” 7 И стана и си отиде дома. 8 А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето. 9 А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!” Тој стана и Го следеше. 10 И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици. 11 Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?” 12 А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните! 13 Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.” 14 Тогаш Јовановите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?” 15 А Исус им рече: „Можат ли сватовите да жалат, додека е младоженецот со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се одземе младоженецот; и тогаш ќе постат. 16 Никој не става крпа од ново сукно на стара облека, зашто крпежот ќе кине од облеката и скинатото станува полошо. 17 Ниту ново вино се налева во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истечува и мевовите пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мевови, па се запазуваат и двете заедно.” 18 Додека им зборуваше за тоа, ете, еден началник на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: „Мојата ќерка умре сега; туку дојди и положи ја Својата рака на неа, и таа ќе живее.” 19 И Исус стана и го следеше, со Своите ученици. 20 И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крварење Му се приближи одназад и се допре до ресите на неговата облека. 21 Зашто си велеше во себеси: „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам.” 22 А Исус се сврте, ја виде и и рече: „Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.” И жената беше исцелена од тој час. 23 И кога Исус дојде во куќата на началникот, ги виде свирачите и народот како вика, 24 и рече: „Отстранете се, зашто девојчето не е умрено, туку спие.” И тие Му се потсмевнуваа. 25 Откако го истера народот, влезе и ја фати за рака, и девојчето стана. 26 И гласот за тоа се рашири по сета онаа земја. 27 И кога Исус си одеше оттаму, двајца слепци Го следеа, викајќи и зборувајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов!” 28 А кога дојде во куќата, слепците Му пристапија, а Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Му рекоа: „Да, Господи!” 29 Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: „Нека ви биде според вашата вера.” 30 И очите им се отворија. И Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не научи за тоа!” 31 А тие, штом излегоа, Го разгласија по сета онаа земја. 32 Додека тие излегуваа, ете, Му доведоа човек нем и опфатен од демон. 33 Откако демонот беше изгонет, немиот проговори. И мноштвата восхитени, зборуваа: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!” 34 А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку владетелот на демоните.” 35 И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето. 36 А кога ги виде мноштвата, беше поттикнат со сожалување за нив, зашто беа изморени и распрснати како овци, кои немаат пастир. 37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата навистина е голема, а работници малку, 38 молете Го тогаш Господарот на жетвата да испрати работници во Својата жетва.”
1 И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост. 2 А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован, 3 Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј, 4 Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. 5 Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; 6 туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. 7 И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. 8 Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. 9 Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; 10 ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. 11 А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. 12 А кога ќе влезете во домот, поздравете го. 13 И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. 14 И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. 15 Вистина ви велам, полесно ќе и биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.” 16 ”Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби. 17 Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги. 18 Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите. 19 А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете; 20 зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас. 21 А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. 22 И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. 23 Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.” 24 ”Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар. 25 Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни! 26 Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае. 27 Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите. 28 И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеколот. 29 Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко. 30 А вам ви се изброени дури и влакната на главата. 31 И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.” 32 ”И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата. 33 А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.” 34 ”Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч. 35 Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва, 36 и непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни. 37 Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене; 38 и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. 39 Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.” 40 ”Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил. 41 Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда. 42 Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода, зашто е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.”
1 А кога Исус заврши заповедувајќи им на Своите дванаесет ученици, замина оттаму да поучува и да проповеда во нивните градови. 2 Кога Јован чу во темницата, за делата на Христос, испрати двајца од своите ученици, 3 и Му рече: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да очекуваме друг?” 4 Исус им одговори и рече: „Одете и јавете му на Јована што слушате и што гледате: 5 слепите прогледуваат и хромите одат, лепрозните се очистуваат и глувите слушаат, мртви воскреснуваат и бедните го примаат Евангелието; 6 и блажен е оној, кој не се соблазнува заради Мене.” 7 Кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли што ветерот ја лулее? 8 Но што излеговте да видите? Човек ли облечен во меки облеки? Ете, тие кои носат меки облеки се во царските дворци. 9 Туку зошто излеговте? Да видите ли пророк? Да, ви велам, и повеќе од пророк. 10 Овој е оној, за кого е пишано: ‘Еве, го испраќам Мојот вестител пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.’ 11 Вистина ви велам, меѓу родените од жени не се подигнал поголем од Јована Крстител; но, најмалиот во царството небесно е поголем од него. 12 А од дните на Јована Крстител досега царството небесно трпи насилство и насилниците го земаат насила; 13 зашто сите пророци и Законот пророкуваа до Јована; 14 и ако сакате да примите, тој е Илија, кој треба да дојде. 15 Кој има уши нека слуша!” 16 ”А со што да го споредам овој род? Личи на децата, кои седат по трговиштата и им викаат на другарите, 17 велејќи: ‘Ви свиревме на свирол и не игравте, ви пеевме жални песни и не жалевте.’ 18 Зашто дојде Јован, кој ниту јаде, ниту пие, а тие велат: „Има демон!” 19 Дојде Синот Човечки, кој јаде и пие, па велат: „Еве, човек лаком и пијаница, пријател на цариници и на грешници! „И мудроста се оправда преку нејзините дела.” 20 Тогаш почна да ги укорува градовите, во кои се случија најмногу Негови чуда, зашто не се покајаа. 21 ”Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон се случија чудата, што се случија при вас, одамна би се покајале во вреќиште и пепел. 22 Но, ви велам: полесно ќе им биде на Тир и Сидон во судниот ден, отколку вам. 23 И ти, Капернауме, до небото ли ќе се воздигнеш? Ќе слезеш до пеколот. Зашто ако во Содом се случеа чудата, што се случија во тебе, ќе останеше до денешен ден. 24 Но ви велам, на земјата Содомска ќе и биде полесно на судниот ден, отколку тебе.” 25 Во тоа време, Исус одговори и рече: „Те фалам, Татко, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си го открил на младенците. 26 Да, Татко, зашто така беше угодно пред Тебе. 27 Сè Ми е предадено од Мојот Татко, и никој не Го познава Синот, освен Таткото; ниту некој Го познава Таткото, освен Синот, и оној кому Синот сака да му открие.” 28 ”Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор. 29 Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души; 30 зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно.”
1 Во она време, Исус минуваше низ посевите во сабота; а Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат. 2 А фарисеите штом го видоа тоа, Му рекоа: „Гледај, Твоите ученици прават, што не е дозволено да се прави во сабота.” 3 А Тој им рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние кои беа со него? 4 Како влезе во Божјиот дом и ги изеде изложените лебови, што не смееја да ги јадат ни тој, ни неговите другари, а само свештениците? 5 Или, зар не сте читале во Законот дека свештениците, во сабота во Храмот, ја осквернуваат саботата и не се виновни? 6 Но Јас ви велам, има тука еден што е Поголем од Храмот. 7 Ако би сте знаеле што значи: ‘Милост сакам, а не жртва,’ немаше да ги осудите невините. 8 Зашто Синот Човечки е Господар и на саботата.” 9 И кога си замина оттаму, дојде во нивната синагога. 10 И ете, таму беше човек со исушена рака; и - за да Го обвинат - го прашаа, велејќи: „Дали е дозволено да се исцелува во саботите?” 11 А Тој им рече: „Кој човек од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, не ќе ја фати и не ќе ја извади? 12 А колку е поскап човекот од овцата. Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.” 13 Тогаш му рече на човекот: „Протегни си ја раката!” И тој ја протегна, и таа стана здрава како и другата. 14 А фарисеите излегоа и се советуваа против Него, како да Го погубат. 15 Но знаејќи го тоа, Исус се отстрани оттаму; а мнозина Го следеа и ги исцели сите, 16 и ги предупреди да не разгласуваат за Него; 17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој рече: 18 ”Еве Го Мојот Слуга, Кого Го избрав; Мојот Возљубен, во Кого Ми е милината на Мојата душа. Ќе Го положам Мојот Дух на Него и ќе им објави суд на народите. 19 Нема да се препира, ниту ќе вика, ниту некој ќе го чуе Неговиот глас по улиците. 20 Нема да докрши прекршена трска, ниту ќе угасне фитиљ што тлее, додека го изведе судот кон победа. 21 И народите ќе се надеваат во Неговото Име.” 22 Тогаш доведоа при Него еден опседнат од демон, кој беше слеп и нем; и го исцели, така што слепонемиот проговори и прогледа. 23 И сите мноштва се восхитуваа и зборуваа: „Не е ли Овој Синот Давидов?” 24 А фарисеите, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој ги изгонува демоните само преку Велзевул, владетелот на демоните.” 25 Исус знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Секое царство, разделено против себеси, запустува, и секој град или дом, кој се разделил против себеси, нема да опстане. 26 И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил против себеси, и како ќе опстане неговото царство? 27 И ако Јас ги изгонувам демоните преку Велзевула, преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии; 28 но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Духот Божји, тогаш царството Божјо дошло врз вас. 29 Или, како може некој да влезе во куќа на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, и тогаш ќе му ја ограби куќата? 30 Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, растура. 31 Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да се прости. 32 И ако некој рече збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако некој рече против Светиот Дух, нема да му се прости ниту во овој век, ниту во идниот. 33 Или направете го дрвото добро, и неговиот плод добар; или направете го дрвото расипано, и неговиот плод расипан; зашто дрвото се познава по плодот. 34 Породи змиини! Како можете да зборувате добро, кога сте зли? Зашто од преполнувањето на срцето зборува устата. 35 Добриот човек од доброто сокровиште донесува добри нешта; а злиот човек од злото сокровиште донесува зли нешта. 36 И ви велам, дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; 37 зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови ќе бидеш осуден. 38 Тогаш некои од книжниците и фарисеите Му одговорија, велејќи: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.” 39 А Тој им одговори и рече: „Зло и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му се даде знак, освен знакот на Јона пророкот. 40 Зашто, како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.” 41 ”Ниневијските мажи ќе станат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона; а еве, тука е Поголем од Јона. 42 Царицата на југот ќе се крене на суд со ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од краиштата на земјата, за да ја чуе мудроста на Соломон; а еве, тука е Поголем од Соломона.” 43 Кога нечистиот дух излегува од човек, минува низ безводни места барајќи одмор, и не го наоѓа. 44 Тогаш вели: ‘Ќе се вратам во својата куќа, од каде излегов.’ И кога дојде, ја најде празна, изметена и уредена. 45 Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе; и влегуваат и живеат таму; и последната состојба на оној човек станува полоша од првата, така ќе му биде и на ова зло поколение.” 46 Додека Тој уште им зборуваше на мноштвата, ете, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да Му зборуваат. 47 И некој Му рече: „Еве, мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Ти зборуваат.” 48 А Тој во одговор му рече на оној, кој му кажа: „Која е Мојата мајка, и кои се Моите браќа?” 49 И ја протегна Својата рака кон Своите ученици и рече: „Еве ја Мојата мајка и Моите браќа; 50 зашто, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.”
1 Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. 2 И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. 3 И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, 4 и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. 5 Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. 6 А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. 7 Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. 8 Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. 9 Кој има уши да слуша, нека слуша!” 10 И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?” 11 А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. 12 Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има. 13 Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат. 14 И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите. 15 Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’ 16 А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат. 17 Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.” 18 ”И така, чујте ја вие параболата за сејачот. 19 Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граби тоа што е посеано во неговото срце; тоа е, што е посеано покрај патот. 20 А посеаното на каменити места е оној, кој го слуша словото и веднаш го прима со радост, 21 но нема корен во себе, и привремен е, и кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. 22 А посеаното меѓу трње е оној, кој го слуша словото, но грижите за светов и измамата на богатството го загушуваат словото, и станува неплоден. 23 А посеаното на добра земја е оној, кој го слуша словото и го разбира; кој навистина раѓа плод и донесува: едниот стократно, другиот шеесет, и другиот триесет.” 24 Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива. 25 Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде. 26 А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. 27 А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’ 28 А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’ 29 А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. 30 Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.” 31 Друга парабола им претстави, велејќи: „Царството небесно е слично на синаповото зрно, кое човекот го зеде и го посеа на својата нива; 32 тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога е пораснато, поголемо е од зеленчуците и станува дрво, така што птиците небесни доаѓаат и се гнездат на неговите гранки.” 33 Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.” 34 Сето ова Исус им го кажа на народот во параболи, и без парабола Тој не им говореше; 35 за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.” 36 Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.” 37 А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. 38 Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот, 39 а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели. 40 Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот. 41 Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие, 42 и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!” 44 ”И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сè што има, и ја купува таа нива.” 45 ”И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери. 46 А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има, и го купува.” 47 ”И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. 48 Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија. 49 Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните, 50 и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.” 51 Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?” Му рекоа: „Да Господи!” 52 А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.” 53 И се случи кога Исус ги сврши тие параболи, да замине оттаму. 54 И штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивните синагоги, така што се зачудуваа и зборуваа: „Откаде Му се на Овој оваа мудрост и силни дела? 55 Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? 56 И Неговите сестри не се ли сите со нас? Откаде Му е тогаш на Овој сето тоа?” 57 И се соблазнуваа во Него. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата татковина и во својот дом.” 58 И не изврши таму многу силни дела, заради нивното неверување.
1 Во она време четворовласникот Ирод го чу гласот за Исуса; 2 и им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал од мртвите, и затоа силните дела дејствуваат во Него.” 3 Зашто Ирод го фати Јована, го врза и го стави во затвор, заради Иродијада, жената на брата си Филипа; 4 бидејќи Јован му велеше: „Не ти е дозволено да ја имаш.” 5 И сакајќи да го убие, се боеше од народот, зашто го држеше за пророк. 6 А кога се празнуваше Иродовиот роденден, Иродијадината ќерка играше среде и му угоди на Ирода, 7 затоа, тој со клетва и вети да и даде, што и да му побара. 8 А таа, наговорена од својата мајка, рече: „Дај ми ја тука на послужавник главата на Јован Крстител.” 9 И царот се ожалости, но заради клетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат, 10 и испрати, па го обезглавија Јована во затворот. 11 И неговата глава беше донесена на послужавник и дадена на девојката, а таа ја однесе на мајка си. 12 И неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, и отидоа и Му јавија на Исуса. 13 А кога го чу тоа Исус, се повлече оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но мноштвата чуја и Го следеа пеш од градовите. 14 И кога излезе виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни. 15 А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.” 16 Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!” 17 А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.” 18 А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.” 19 И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата. 20 И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни. 21 А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата. 22 И веднаш ги натера Исус учениците Свои да влезат во кораб и да отидат пред Него на другата страна, додека да го распушти народот. 23 И штом го распушти народот, се искачи на гората, за да се моли насамо. А кога се свечери, беше Сам таму. 24 А коработ веќе беше многу стадии далеку од брегот, измачуван од брановите, зашто ветерот беше спротивен. 25 А во четвртата ноќна стража дојде при нив, одејќи по морето. 26 Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: „Тоа е привидение!” и извикаа од страв. 27 А Исус веднаш им проговори и рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се.” 28 А Петар Му одговори и рече: „Господи, ако си Ти, нареди ми да дојдам при Тебе по водата.” 29 Тој пак рече: „Дојди!” И Петар слезе од коработ и одеше по водата да дојде при Исуса. 30 Но кога го виде силниот ветер, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: „Господи, спаси ме!” 31 А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: „Маловерен, зошто се посомнева?” 32 И кога влегоа во коработ, ветрот престана. 33 А оние, кои беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: „Навистина Ти си Божји Син.” 34 И кога преминаа, дојдоа во Генисаретската земја. 35 И кога Го познаа луѓето од тоа место, испратија по целата онаа околија и Му ги донесоа сите кои беа болни, 36 и Го молеа да се допрат само до ресите на Неговата облека; и колку и да се допреа, сите се исцелуваа.
1 Тогаш фарисеите и книжниците, од Ерусалим, Му пристапија на Исуса и рекоа: 2 ”Зошто Твоите ученици го престапуваат преданието на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете, кога јадат леб.” 3 А Тој во одговор им рече: „Зошто и вие ја престапувате Божјата заповед, заради вашето предание? 4 Зашто Бог рекол: ‘Почитувај ги татка си и мајка си,’ и ‘Кој го злоречува татка си или мајка си, со смрт нека умре;’ 5 а вие велите: кој ќе му рече на татка си, или на мајка си: ‘Она со што би можел да се ползуваш од мене, Му е подарено на Бога, 6 тој не треба да дава на татка си или мајка си;’ и така го укинавте Божјиот збор заради вашето предание. 7 Лицемери! Добро Исаија пророкуваше за вас, велејќи: 8 ’Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене. 9 Но напразно Ми се поклонуваат, учејќи науки, што се човечки заповеди.’” 10 И го повика мноштвото и им рече: „Слушајте и разберете! 11 Не она, што влегува во устата го онечистува човекот, туку она што излегува од устата, тоа го онечистува човекот.” 12 Тогаш учениците Му се приближија и рекоа: „Знаеш ли, дека фарисеите се соблазнија кога го чуја тој збор?” 13 А Тој одговори и рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот небесен Татко, ќе биде откорната. 14 Оставете ги. Тие се слепи водачи на слепите; а ако слепец води слепец, обата ќе паднат во јама.” 15 А Петар одговори и Му рече: „Објасни ни ја параболава.” 16 А Исус им рече: „И вие ли сте уште без разбирање? 17 Не разбирате ли дека сè што влегува во устата оди во стомакот и се исфрла надвор? 18 А она, што излегува од устата, произлегува од срцето, и тоа го онечистува човекот. 19 Зашто од срцето произлегуваат: зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули. 20 Тие се нештата кои го онечистуваат човекот. А јадењето со неизмиени раце не го онечистува човекот.” 21 И откако излезе оттаму, Исус се повлече во краевите на Тир и Сидон. 22 И ете, жена Хананејка, излезе од оние краишта и извика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е лошо опседната од демон.” 23 Но Тој не и одговори ни збор. И приближувајќи Му се, Неговите ученици Го молеа, велејќи: „Отпушти ја, зашто вика по нас.” 24 Но Тој одговори и рече: „Јас не Сум испратен, освен при загубените овци на домот Израелев.” 25 Таа дојде пак и Му се поклонуваше, велејќи: „Господи, помогни ми!” 26 А Тој, одговарајќи и рече: „Не е добро да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кучињата.” 27 Но Таа рече: „Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.” 28 Тогаш Исус и одговори и и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по твојата желба. И нејзината ќерка беше исцелена од оној час. 29 И откако замина оттаму, Исус дојде покрај морето Галилејско, се искачи на гората и седна таму. 30 И дојдоа при Него големи мноштва, кои имаа со себе: хроми, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред Исусовите нозе, и Тој ги исцели, 31 така што мноштвата се восхитуваа како гледаа немите да зборуваат, сакатите здрави, хромите да одат и слепите да гледаат; и Го прославуваа Бога Израелев. 32 А Исус ги повика Своите ученици при Себе, и рече: „Исполнет Сум со сожалување кон мноштвото, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги распуштам гладни, за да не премалеат по патот.” 33 И учениците Негови Му рекоа: „Откаде ни во пустината толку леб, за да наситиме толку големо мноштво?” 34 И Исус им рече: „Колку лебови имате?” Тие рекоа: „Седум и неколку рипчиња.” 35 И му заповеда на мноштвото да поседне по земјата; 36 ги зеде седумте лебови и рибите, благодари и ги раскрши; и им даде на учениците, а учениците на мноштвото. 37 И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, седум кошеви полни. 38 А оние, кои јадеа, беа четири илјади мажи, освен жените и децата 39 И штом ги распушти мноштвата, влезе во коработ, и дојде во пределите на Магдала.
1 И фарисеите и садукеите дојдоа, и искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото. 2 Но Тој одговори и им рече: „Кога се свечерува, велите: ‘Ќе биде ведро, зашто небото е црвено;’ 3 а наутро: ‘Денес ќе има бура, зашто небото е црвено и замрачено. ’Лицемери, знаете навистина да го просудувате лицето на небото, а знаците на времињата не можете! 4 Лукаво и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му биде даден знак, освен знакот на Јона пророкот.” И ги остави и си отиде. 5 И Неговите ученици преминаа на другата страна и заборавија да земат леб. 6 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!” 7 И тие расправаа помеѓу себе, велејќи: „Тоа е што не зедовме леб.” 8 А Исус знаејќи го тоа им рече: „Маловерни, зошто расправате помеѓу себе, дека не зедовте леб? 9 Уште ли не разбирате и не помните за петте лебови на пет илјади и колку кошеви подигнавте? 10 Ни за седумте лебови на четири илјади и колку кошеви подигнавте? 11 Како не разбирате, дека не заради леб ви реков да се чувате од фарисејскиот и садукејскиот квас?” 12 Тогаш разбраа дека не им рече да се чуваат од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско. 13 А кога Исус дојде во околината на Кесарија Филипова, ги праша Своите ученици и рече: „Што велат луѓето, Кој е Синот Човечки?” 14 А тие рекоа: „Едни велат дека е Јован Крстител; други Илија, а други пак Еремија или еден од пророците.” 15 Тој им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?” 16 Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Син на живиот Бог.” 17 Исус одговори и му рече: „Блажен си, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Татко, Кој е во небесата. 18 И Јас ти велам, дека ти си Петар, и на тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква, и портите на пеколот нема да надвладеат наспроти неа. 19 И ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно, и што и да сврзеш на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзеш на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.” 20 Тогаш им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, дека Тој е Исус Христос. 21 Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици, дека беше потребно за Него да замине за Ерусалим и да пострада многу од старешините, главните свештеници и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. 22 А Петар Го зеде настрана и почна да Го кори, велејќи: „Бог да е милостив кон Тебе, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!” 23 А Тој се сврте и му рече на Петра: „Бегај зад Мене, сатано! Ти си Ми пречка, зашто мислиш не за она, што е Божјо, туку за она, што е човечко. 24 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи. 25 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде. 26 Зашто, каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа и напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа? 27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде награда на секого според неговите дела. 28 Вистина ви велам: дека меѓу оние, кои стојат тука, има некои, кои никако нема да ја вкусат смртта додека Го видат Синот Човечки да доаѓа во Своето царство.”
1 И по шест дни Исус ги зеде со Себе: Петра, и Јакова и брата му Јована, и ги изведе на висока гора насамо. 2 И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината. 3 И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него. 4 А Петар одговори и Му рече на Исуса: „Господи, добро е за нас да сме тука; ако сакаш ќе направиме тука три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеја и еден за Илија.” 5 Додека уште зборуваше тој, ете, ги засени светол облак, и ете, глас од облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!” 6 И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија. 7 А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: „Станете и не бојте се!” 8 И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот. 9 И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.” 10 И Неговите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?” 11 А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сè. 12 Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.” 13 Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јована Крстител. 14 И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече: 15 ”Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата. 16 И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.” 17 И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.” 18 И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час. 19 Тогаш учениците дојдоа при Исуса насамо и рекоа: „Зошто не можевме ние да го изгониме?” 20 А Тој им рече: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму!’, и ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно. 21 А овој род не излегува освен преку молитва и постење.” 22 И додека беа заедно во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, 23 и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе биде воскреснат.” И тие многу се нажалија. 24 А кога дојдоа во Капернаум, собирачите на двете драхми, храмовиот данок, му пристапија на Петра и рекоа: „Зарем вашиот Учител не плаќа две драхми?” 25 Тој рече: „Да.” И кога влезе во куќата Исус го испревари, велејќи: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓинците?” 26 А Петар Му рече: „Од туѓинците,” Исус му рече: „Значи, синовите се слободни.” 27 Но за да не ги соблазниме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе излезе, и кога ќе и ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за тебе.”
1 Во тој час учениците дојдоа при Исуса и рекоа: „Тогаш, кој е поголем во царството небесно?” 2 И повика дете при Себе, го постави среде нив 3 и рече: „Вистина ви велам, ако не се обрнете и станете како деца, нема да влезете во царството небесно. 4 И затоа, кој ќе се понизи себеси како ова дете, тој е поголемиот во царството небесно. 5 И кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима. 6 А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина. 7 Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно соблазните ќе дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната!” 8 ”Ако твојата рака или твојата нога те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот фатен и хром, отколку имајќи две раце или две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган. 9 И ако те соблазнува твоето око, извади го и фрли го од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку имајќи две очи да бидеш фрлен во пеколот огнен.” 10 ”Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата. 11 Зашто Синот Човечки дојде да го спаси, она што е изгубено. 12 Како ви се гледа? Ако некој човек има сто овци, и едната од нив залута, нема ли да ги остави деведесет и деветте по планините, и да појде да ја бара залутаната? 13 И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека тој се радува за неа повеќе, отколку за деведесет и деветте, што не залутале. 14 Така, не е волјата на вашиот Татко, Кој е во небесата да загине едно од овие, маливе.” 15 ”Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него. Ако те послуша, си го придобил брата си. 16 Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор. 17 А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како народите и како цариникот. 18 Вистина ви велам, што и да сврзете на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзете на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.” 19 ”Пак, ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата околу било која работа каква и да посакат, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е во небесата. 20 Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.” 21 Тогаш Петар пристапи и Му рече: „Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? До седумпати ли?” 22 Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесетпати по седум.” 23 Затоа царството небесно е слично на некојси цар, кој сакал да ги среди сметките со своите слуги. 24 А кога почна да ги расчистува, при него беше доведен еден, кој му должеше десет илјади таланти. 25 И бидејќи немаше да ги врати, господарот заповеда да го продадат него, неговата жена и децата, и сè што имаше, за да се плати долгот. 26 Тогаш слугата падна и му се поклонуваше, велејќи: ‘Господаре, имај трпение кон мене и ќе ти исплатам сè.’ 27 И поттикнат со сожалување, господарот на оној слуга, го пушти, и му го прости долгот. 28 Но штом слугата излезе, и најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто денарии, го фати, и го давеше, велејќи: ‘Исплати ми, тоа што ми должиш.’ 29 Тогаш падна пред неговите нозе неговиот сослужител и го молеше, велејќи: ‘Имај трпение со мене, и ќе ти исплатам сè.’ 30 Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека го исплати долгот. 31 А кога неговите сослужители видоа што се случи, мошне многу се нажалија, и дојдоа и му кажаа на својот господар сè што се случи. 32 Тогаш неговиот господар го повика и му рече: ‘Зол слуго! Ти го простив сиот оној долг, зашто ме молеше. 33 Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилив тебе?’ 34 И неговиот господар се разгневи и им го предаде на мачителите, додека му исплати сè што му должеше. 35 Така и Мојот небесен Татко ќе ви направи вам, ако секој од вас не му ги прости од срце престапите на својот брат.”
1 А кога Исус ги заврши тие зборови, отиде од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан. 2 И големо множество тргна по Него, а Тој ги оздрави таму. 3 И фарисеите Му пристапија, Го искушуваа и рекоа: „Дали смее човек да ја остави својата жена по секаква причина?” 4 А Тој одговори и рече: „Зар не сте читале дека Оној, Кој ги создаде во почеток, ги создаде машко и женско, 5 и рече: ‘Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, и обата ќе бидат едно тело?’ 6 Така што не се веќе двајца, туку едно тело. И така што Бог соединил, човекот да не разделува!” 7 И Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да и се даде разводно писмо на жената и да се остави?” 8 Им рече: „Заради вашето закоравено срце, Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така. 9 Туку ви велам: „Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељубодејство - и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба.” 10 Учениците Му рекоа: „Ако е тоа причината меѓу мажот и жената, подобро да не се жени.” 11 А Тој им рече: „Сите не можат да ги сфатат тие зборови, туку оние, на кои им е дадено. 12 Зашто има скопци, кои се родени така од мајчината утроба, и има скопци, кои се скопени од луѓе, и има скопци, кои самите се скопиле заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими!” 13 Тогаш доведоа дечиња при Него, за да ги положи рацете над нив и да се помоли; но учениците ги укорија. 14 А Исус рече: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.” 15 И ги положи рацете на нив, и си отиде оттаму. 16 И ете, еден Му пристапи и рече: „Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?” 17 А Тој му рече: „Зошто Ме прашуваш за добро? Еден е Добар! А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите!” 18 Му рече: „Кои?” А Исус рече: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, 19 почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!” 20 Момчето Му рече: „Сето тоа сум го пазел од младост, уште што ми недостига?” 21 Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите, и ќе имаш благо на небото! Дојди и следи Ме!” 22 А кога момчето го чу тој збор, си отиде нажален, зашто имаше многу имоти. 23 А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат мачно ќе влезе во небесното царство!” 24 И пак ви велам: „Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото Царство.” 25 Кога учениците го чуја тоа се зачудија мошне и рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?” 26 Исус ги погледна и им рече: „На луѓето ова им е невозможно, но за Бога сè е возможно.” 27 Тогаш Петар одговори и Му рече: „Еве, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе; и така, ние што ќе имаме?” 28 А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие - кои тргнавте по Мене, во преродбата - кога Човечкиот Син ќе седне на престолот на Својата слава, и сами ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелеви племиња. 29 И секој, кој заради Моето име ќе остави: куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, ќе прими стократно и ќе наследи вечен живот. 30 Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.”
1 Зашто небесното царство прилега на човек домаќин, кој излезе рано наутро да наеме работници за своето лозје. 2 И кога се погоди со трудбениците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје. 3 И кога излезе пак околу третиот час виде други како стојат, на трговиштето, без работа, 4 и им рече: „Одете и вие во моето лозје, па ќе ви дадам што ќе биде право!” 5 И тие отидоа. А кога излезе пак околу шестиот и деветтиот час го направи истото. 6 А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: „Зошто стоите тука цел ден без работа?” 7 Му рекоа: „Никој не нè наеми.” Тој им рече: „Отидете и вие во моето лозје.” 8 А кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: „Повикај ги трудбениците и плати им, почнувајќи од последните па до првите!” 9 И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј. 10 Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј. 11 Штом го примија, негодуваа против домаќинот, 12 велејќи: „Последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.” 13 А тој му одговори на еден од нив и рече: „Пријателе, не ти правам неправда; зар не се погоди со мене за денариј? 14 Земи го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и тебе. 15 Или зар немам право да сторам со своето, што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?” 16 Така последните ќе бидат први, а првите - последни; зашто мнозина се повикани, а малкумина избрани.” 17 И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетмината насамо и им рече патем: 18 ”Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, 19 и ќе им Го предадат на многубошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.” 20 Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него. 21 А Тој и рече: „Што сакаш?” Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!” 22 А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.” Му рекоа: „Можеме.” 23 Им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не го давам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.” 24 И кога го чуја тоа десетмината, се налутија на двата брата. 25 А Исус ги повика и рече: „Знаете дека владетелите на народите господарат над нив и дека големците ги угнетуваат. 26 Нека не биде така меѓу вас! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга! 27 И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга; 28 како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.” 29 А кога излегуваа од Ерихон, големо множество тргна по Него. 30 И ете, двајца слепи, седејќи покрај патот, чуја дека Исус минува, и извикаа велејќи: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!” 31 А множеството им се закани да замолчат, а тие извикаа уште посилно: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!” 32 И Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да направам за вас?” 33 Му рекоа: „Господи, да ни се отворат очите!” 34 И Исус им се смили и им ги допре очите; и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.”
1 И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати два ученика, велејќи: 2 ”Отидете во селото што е пред вас! Таму ќе најдете веднаш врзана ослица и осле со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги! 3 И ако некој ви рече нешто, речете му: ‘Потребни Му се на Господа’, и веднаш ќе ги пушти. 4 А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели: 5 ”Кажете и на Сионската Ќерка: Еве, твојот Цар доаѓа при тебе, кроток и јава на ослица и осле - младенче на ослица!” 6 Учениците отидоа и направија, како што им заповеда Исус. 7 Ги дотераа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Тој седна над нив. 8 Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот. 9 А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!” 10 И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?” 11 А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.” 12 И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби, 13 и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.” 14 И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува. 15 А кога првосвештениците и книжниците ги видоа чудесата што ги направи, и децата, кои викаа во Храмот: „Осана на Давидовиот Син!”, се налутија 16 и Му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат овие?” А Исус им рече: „Да, зар не сте читале никогаш: ‘Од устата на децата и доилчињата, Си приготви пофалба?’” 17 И ги остави и излезе од градот во Витанија и преноќева таму. 18 А кога утредента се враќаше во градот, огладне. 19 И виде смоква покрај патот и отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и и рече: „Отсега да нема плод од тебе довека!” И смоквата се исуши веднаш. 20 И кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: „Како се исуши смоквата веднаш?” 21 Исус одговори и рече: „Вистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе направите не само тоа, што и се случи на смоквата, туку ако и речете на оваа гора: ‘Дигни се оттука и фрли се во морето!’ ќе биде; 22 и сè што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете.” 23 И кога Исус дојде во Храмот, Му пристапија - додека поучуваше - првосвештениците и народните старешини, велејќи: „Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?” 24 А Исус им рече во одговор: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми Го кажете тоа, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова. 25 Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?” А тие размислуваа во себе, велејќи:” Ако речеме ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто не му поверувавте тогаш?’ 26 А ако речеме: ‘од луѓето’, се боиме од народот, зашто сите го сметаат Јована за пророк.” 27 И Му одговорија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!” Им рече и Тој: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова.” 28 ”Но, како ви се гледа? Еден човек имаше два сина, па дојде при првиот и му рече: ‘Синко, оди и работи денес во лозјето!’ 29 Тој одговори и рече: 30 ’Нејќам!’ - но после се предомисли и отиде. Дојде при вториот и му рече исто така. А тој одговори и рече: ‘Одам, господаре’ и не отиде. 31 Кој од двајцата ја исполни татковата волја?” Рекоа: „Првиот!” Исус им рече: „Вистина ви велам, цариниците и блудниците ќе ве испреварат во Божјото Царство. 32 Зашто, Јован дојде при вас по патот на правдата и не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа. А вие видовте, но не се покајавте после, за да му поверувате.” 33 ”Чујте друга приказна! Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде. 34 А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови. 35 И земјоделците ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа. 36 Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто. 37 Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!” 38 Но земјоделците, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!” 39 И го фатија, го исфрлија надвор од лозјето и го убија. 40 Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие земјоделци?” 41 Му одговорија: „Овие злосторници тој бедно ќе ги уништи, а лозјето ќе им го даде под наем на други земјоделци, кои ќе му ги даваат плодовите во нивно време.” 42 Исус им рече: „Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: „Каменот што го отфрлија ѕидарите; тој стана крајаголен камен; од Господа е тоа и чудесно е во нашите очи.” 43 Затоа ви велам, дека ќе ви биде одземено Божјото Царство и ќе му биде дадено на народ, кој ќе ги донесува неговите плодови! 44 И кој ќе падне врз тој камен - ќе се разбие; а врз кого ќе падне тој - ќе го здроби.” 45 И кога првосвештениците и фарисеите ги чуја тие Негови параболи, разбраа дека зборува за нив. 46 И гледаа да Го фатат, но се боеја од народот, зашто Го сметаше за пророк.
1 И Исус почна пак да им зборува и им рече во параболи, велејќи: 2 ”Небесното Царство приличи на цар, кој му направи свадба на сина си, 3 и ги испрати своите слуги да ги повикаат повиканите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат. 4 Пак испрати други слуги, велејќи: ‘Речете им на повиканите: Еве, го приготвив својот ручек, моите јунци и згоените се заклани, и сè е готово. Дојдете на свадба!’ 5 А тие не се грижеа и си отидоа: еден на својот имот, а друг по своја трговија; 6 а другите ги фатија неговите слуги, ги навредија и ги убија. 7 А царот се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби оние убијци и им го изгоре градот. 8 Тогаш им рече на своите слуги: ‘Гозбата е готова! - но повиканите не беа достојни. 9 Затоа излезете на раскрсниците и колку ќе најдете, поканете ги на свадбата.’ 10 И слугите излегоа на патиштата и ги доведоа сите, кои ги најдоа: лошите и добрите, и свадбата се наполни со гости. 11 А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек, кој не беше облечен во свадбена облека. 12 И му рече: ‘Пријателе, како влезе тука без свадбена руба?’ А тој молчеше. 13 Тогаш царот им рече на служителите: ‘Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и чкртање со забите!’ 14 Зашто мнозина се повикани, но малку се избрани!” 15 Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор. 16 И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето. 17 И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?” 18 А Исус, го разбра нивното лукавство и рече: 19 ”Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!” Тие Му донесоа денариј. 20 И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?” 21 Му рекоа: „На царот!” Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!” 22 И штом го чуја тоа, се зачудија, па Го оставија, и си отидоа.” 23 Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа: 24 ”Учителе, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’ 25 А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си. 26 Така и вториот, и третиот, сè до седмиот; 27 а по сите умре и жената. 28 И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!” 29 А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила. 30 Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото. 31 А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели: 32 ”Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!” 33 И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука. 34 А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно, 35 и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: 36 ”Учителе, која е големата заповед во Законот?” 37 А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!” 38 Тоа е најголемата и прва заповед; 39 а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!” 40 На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.” 41 А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша: 42 ”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.” 43 Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи: 44 ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’? 45 И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?” 46 И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.
1 Тогаш Исус му рече на народот и на Своите ученици; 2 говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите, 3 затоа сè што ќе ви речат - правете и пазете - но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат! 4 Туку врзуваат тешки и неподносливи бремиња и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат. 5 А сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвени записи и ги прават големи ресите на облеките; 6 ги сакаат: челните места по гозбите и првите места во синагогите; 7 поздравите на јавните места и луѓето да ги наречуваат ‘рави’. 8 А вие не наречувајте се учители - зашто е Еден вашиот Учител - Христос, а вие сите сте браќа. 9 И никого на земјата не наречувајте го свој ‘татко’, зашто е Еден вашиот небесен Татко. 10 Ниту се наречувајте наставници, зашто е Еден вашиот Наставник - Христос. 11 А поголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. 12 Кој се воздига себеси - ќе биде понизен; а кој се понизува себеси - ќе биде возвишен.” 13 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои го затворате Небесното царство пред луѓето; зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние, кои сакаат да влезат.” 14 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците, и заради причина се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!” 15 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ги обиколувате морето и копното, за да придобиете еден прозелит, и кога ќе стане тоа, го правите син на пеколот, двапати полош од себе!” 16 ”Горко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во црковното злато, тогаш е обврзан!’ 17 Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или Храмот, што го осветува златото? 18 И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот, што е врз него, тогаш е обврзан.’ 19 Слепци! Што е поголемо: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот? 20 И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него. 21 И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној, Кој живее во него. 22 И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној, Кој седи на него.” 23 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава! 24 Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.” 25 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост! 26 Слепи фарисеју! Очисти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да и биде чиста и надворешноста!” 27 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота! 28 Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.” 29 ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните, 30 и велите: „ Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.” 31 Така сведочите за себе, дека сте синови на оние, кои ги убиле пророците. 32 И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци! 33 Змии, змиски породи! како ќе побегнете од судот на пеколот? 34 Затоа, еве, Јас ви праќам: пророци, и мудреци, и книжници. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги гоните од град до град, 35 за да дојде врз вас сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот. 36 Вистина ви велам, сето тоа ќе дојде врз ова поколение.” 37 ”Ерусалиме! Ерусалиме, што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените при тебе! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте! 38 Еве, ви се остава вашиот дом пуст! 39 Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: „Благословен е Оној, Кој доаѓа во Господово име!”
1 Кога Исус излезе од Храмот, одеше натаму; Неговите ученици Му се приближија за да Му ги покажат зградите на Храмот. 2 А Тој им одговори: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, што не ќе биде урнат.” 3 Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?” 4 И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој; 5 зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,” и ќе заблудат мнозина. 6 А ќе чуете за војни и гласови за војни. Пазете да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но уште не е крај. 7 Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и ќе има глад, и помор, и земјотреси на разни места. 8 Но сè тоа е само почеток на страдањата. 9 Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име. 10 Тогаш мнозина ќе се соблазнат; и едниот ќе го предава другиот; и едниот ќе го мрази другиот; 11 и ќе се јават многу лажни пророци и ќе заблудат мнозина. 12 И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина. 13 А кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен. 14 И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот.” 15 ”И така, кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето - за која зборува пророкот Даниел - како стои на свето место; кој чита - нека разбере! - 16 Тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите; 17 а кој ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа; 18 и кој ќе биде во полето, нека не се враќа за да ја земе наметката! 19 Горко им на бремените и на доилките во тие денови! 20 Молете се вашето бегство да не биде во зима или во сабота, 21 зашто тогаш ќе биде голема мака, каква не била од создавањето на светот досега, ниту ќе биде. 22 И ако не би се скратиле тие дни, не би се спасило ниедно тело. Но заради избраните ќе бидат скратени тие дни.” 23 ”Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте, 24 зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните. 25 Ете, ви реков однапред! 26 И така, ако ви речат: ‘Ене Го во пустината!’- не излегувајте! ‘Ене Го во една од внатрешните соби!’- не верувајте. 27 Зашто, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. 28 Каде ќе биде трупот, таму орлите ќе се собираат!” 29 ”Веднаш по тагата на тие денови, сонцето ќе потемни; месечината нема да ја дава својата светлина; и ѕвездите ќе паѓаат од небото, и небесните сили ќе се расклатат. 30 И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава. 31 И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.” 32 ”А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. 33 Така и вие, кога ќе го видите сè тоа, знајте дека е близу - пред вратата! 34 Вистина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сè тоа. 35 Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.” 36 ”А за оној ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко. 37 Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот Син. 38 Зашто, како во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа, до денот кога Ное влезе во ковчегот, 39 и не знаеја додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. 40 Тогаш двајца ќе бидат на полето, еден ќе биде однесен, а другиот оставен. 41 Две жени ќе мелат на мелница; едната ќе биде однесена, а другата оставена. 42 Затоа, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ! 43 А знајте го ова: ако домаќинот би знаел во која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се поткопа куќата. 44 Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, кога не мислите.” 45 И така, кој е оној верен и благоразумен слуга, кого господарот го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме? 46 Блажен е оној слуга, кого неговиот господар - кога ќе дојде - ќе го најде да прави така. 47 Вистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот. 48 Ако пак оној зол слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар ќе се забави долго, ‘ 49 па почне да ги бие своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците, 50 господарот на оној слуга ќе дојде во ден, кога не очекува, и во час, што не го знае, 51 па ќе го пресече и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе биде плач и чкртање со заби.”
1 „Тогаш Небесното царство ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилници и му излегоа во пресрет на младоженецот. 2 Петте од нив беа неразумни, а петте мудри. 3 Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло; 4 а мудрите зедоа масло, во садовите, со своите светилници. 5 Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. 6 А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете му во пресрет!’ 7 Тогаш сите оние девици станаа и ги приготвија своите светилки. 8 А неразумните им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилници ни гаснат.’ 9 Но мудрите им одговорија и рекоа: ‘За да не биде малку и за нас и за вас, отидете кај трговците и купете си!’ 10 Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и спремните влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори. 11 А потоа дојдоа и другите девици и рекоа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’ 12 Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам - не ве познавам!’ 13 И така - бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!” 14 ”Зашто ќе дојде како човек, кој - тргнувајќи на пат - ги повика своите слуги и им го предаде својот имот, 15 и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според неговата способност, и отпатува. 16 Оној, кој прими пет таланти, веднаш отиде, и тргуваше со нив и спечали други пет. 17 Исто така, и оној со двата таланти, спечали други два. 18 А оној, кој прими еден отиде, ископа во земјата и го сокри среброто на својот господар. 19 По долго време, дојде господарот на тие слуги и ја прегледа сметката со нив. 20 И кога пристапи оној, кој примил пет таланти, донесе други пет таланти и рече: ‘Господаре, ми предаде пет таланти, а еве, јас спечалив и други пет.’ 21 Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’ 22 А кога пристапи оној, кој примил два таланта, рече: ‘Господаре, ми даде два таланта, а еве, јас спечалив други два.’ 23 Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’ 24 А кога пристапи оној, кој примил еден талант, рече: ‘Господаре, знаев дека си ти строг човек, жниеш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел; 25 се исплашив, отидов и го скрив твојот талант во земјата. Еве, го имаш своето!’ 26 А неговиот господар одговори и рече: ‘Зол и мрзлив слуго, знаеше дека жнијам, каде што не сум сеел и дека собирам, каде што не сум веел; 27 затоа требаше да им го дадеш моето сребро на менувачите и јас - по враќањето - ќе го земев моето со добивка. 28 Затоа, одземете му го талантот и дајте му го на оној, кој има десет таланти! 29 Зашто секому, кој има, ќе му се даде уште и ќе има во изобилство, а оној, кој нема, ќе му се одземе и она што го има. 30 А неполезниот слуга исфрлете го во крајна темнина; каде ќе биде плач и чкртање со заби.’” 31 ”Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава; 32 и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците. 33 И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата. 34 Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот! 35 Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте; 36 бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’ 37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме? 38 Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме? 39 Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе? 40 А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’ 41 Тогаш ќе им рече и на оние од левата страна: ‘Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели! 42 Зашто огладнев и не ми дадовте да јадам; ожеднев и не Ми дадовте да пијам, 43 бев странец и не Ме примивте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и во темница и не Ме посетивте.’ 44 Тогаш тие ќе одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден или како странец, или гол или болен или во темница, и не Те послуживме?’ 45 Тогаш ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку не му направивте на еден од овие најмали, ни Мене не Ми направивте!’ 46 И овие ќе отидат во вечна мака, а праведниците во вечен живот.”
1 А кога Исус ги заврши сите тие беседи, им рече на Своите ученици: 2 ”Знаете дека Пасхата е по два дни, и ќе Го предадат Човечкиот Син, за да Го распнат.” 3 Тогаш големите свештеници и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, кој се викаше Кајафа, 4 и се договорија да Го фатат Исуса на измама и да Го убијат. 5 Но велеа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.” 6 А кога Исус беше во Витанија, во куќата на лепрозниот Симон, 7 Му се приближи жена, со сад од алавастер со скапоцено миро, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат до столот. 8 Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „За што е ова растурање? 9 Оти тоа миро можеше да биде продадено скапо, и сребрениците да им се дадат на сиромасите!” 10 Но Исус го разбра тоа и им рече: „Зошто и здодевате на жената? Таа Ми направи добро дело, 11 зашто сиромасите ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш; 12 зашто кога таа го излеа мирото врз Моето тело, го стори тоа за Моето погребение. 13 Вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието по целиот свет, ќе се раскажува и тоа што го направи таа, за нејзин спомен. 14 Тогаш еден од Дванаесетмината, кој се вика Јуда Искариотски отиде при првосвештениците и им рече: 15 ”Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?” А тие му предложија триесет сребреници. 16 И оттогаш бараше згоден случај за да Го предаде. 17 А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?” 18 Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.” 19 И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. 20 А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. 21 И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.” 22 И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?” 23 А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! 24 И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!” 25 А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?” Му кажа: „Ти рече!” 26 А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.” 27 Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, 28 зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. 29 Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.” 30 И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора. 31 Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!” 32 А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.” 33 Тогаш Петар одговори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.” 34 Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.” 35 Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” Така рекоа и сите ученици. 36 Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.” 37 И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува. 38 Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!” 39 И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!” 40 И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час? 41 Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!” 42 Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.” 43 И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале. 44 И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови. 45 Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Човечкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците. 46 Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.” 47 И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини. 48 А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!” 49 И веднаш се приближи до Исуса и Го целива. 50 А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?” Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија. 51 И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. 52 Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат. 53 Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели? 54 Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?” 55 Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте. 56 А ова сè се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.” Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. 57 А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книжниците и старешините. 58 А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот. 59 А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа, 60 иако дојдоа многу лажни сведоци. 61 Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’” 62 Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?” 63 А Исус молчеше. Првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?” 64 Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.” 65 Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Го хули Бога! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата? 66 Што мислите?” А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!” 67 Тогаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници, 68 а други му удираа плесници, говорејќи: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?” 69 А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде при него и му рече:”И ти беше со Галилеецот Исус!” 70 А тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!” 71 А кога излезе пред главниот влез, го виде друга и им рече на тие, кои беа таму: „И овој беше со Назареецот Исус.” 72 Тој пак се одрече со заклетва: „Не го знам Човекот.” 73 Малку потоа му се приближија оние, кои стоеја, и му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава.” 74 Тогаш почна да се проколнува и да се заколнува: „Не го знам Човекот.” 75 И веднаш запеа петел. Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.” И излезе надвор и плачеше горко.
1 А кога се раздени, сите свештенички главатари и народните старешини се советуваа против Исуса, за да Го убијат. 2 И Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Понтиј Пилат. 3 Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините; 4 велејќи: „Згрешив, зашто предадов невина крв.” А тие му рекоа: „Што ни е нам? Гледај ти!” 5 Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси. 6 А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.” 7 Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци. 8 Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива. 9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови, 10 и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.” 11 А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?” А Исус рече: „Ти велиш”. 12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо. 13 Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сè сведочат против Тебе?” 14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу. 15 А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале. 16 Тогаш имаа прочуен затвореник, кој се викаше Варава. 17 И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?” 18 Зашто знаеше дека Го предадоа од завист. 19 И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!” 20 Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. 21 Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?” А тие рекоа: „Варава!” 22 Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?” Сите рекоа: „Да биде распнат!” 23 А тој рече: „Какво зло направил?” А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!” 24 А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!” 25 И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!” 26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат. 27 Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. 28 Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; 29 исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!” 30 И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. 31 Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат. 32 А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. 33 И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, 34 Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. 35 А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.” 36 И седеа и Го пазеа таму. 37 И Му ставија над Неговата глава натпис за Неговата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.” 38 Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. 39 А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите 40 и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!” 41 Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: 42 ”Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! 43 Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!” 44 А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него. 45 А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час. 46 Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?” 47 А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!” 48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие. 49 А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!” 50 А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот. 51 И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа, 52 а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети; 53 и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина. 54 А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!” 55 А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа. 56 Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови. 57 А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик; 58 тој отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му биде дадено. 59 И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно 60 и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа. И навали голем камен на гробната врата и си отиде. 61 А Марија Магдалена и другата Марија, седеа таму спроти гробот. 62 А на идниот ден, по подготвувањето, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата 63 и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „Ќе воскреснам по три дни.” 64 Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат, и да му речат на народот: ‘Воскресна од мртвите,’ и последната измама ќе биде полоша од првата.” 65 Пилат им рече: „Ене ви стража; отидете и чувајте како што знаете!” 66 Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот - со стража.
1 А по саботата, на осамнување на првиот седмичен ден, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. 2 И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го одмести каменот и седна на него. 3 А лицето му светеше како молња, а неговата облека - бела како снег. 4 Од страв пред него, стражарите трепереа и станаа како мртви. 5 Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: „Вие не бојте се! Зашто знам дека Го барате распнатиот Исус. 6 Го нема тука, зашто воскресна, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше, 7 и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите и - ете - Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!” 8 И тие излегоа веднаш од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици. 9 И ете, Исус ги пресретна и рече: „Здраво!” А тие се приближија при Него, Му се фатија за Неговите нозе и Му се поклонија. 10 Тогаш Исус им рече: „Не бојте се! Одете и соопштете им на Моите браќа, да отидат во Галилеја; и таму ќе Ме видат.” 11 А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало. 12 И се состанаа со старешините, и се советуваа, и им дадоа на војниците многу сребреници 13 и им рекоа: „Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме. 14 И ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и ќе ве направиме да немате грижа.” 15 А тие ги зедоа сребрениците и постапија, како што ги подучија. И тоа слово се разгласи меѓу Јудејците до денес. 16 А Единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус. 17 И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа. 18 Тогаш Исус им се приближи и им рече: „Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата. 19 Така одејќи, направете ги сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух! Учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал! 20 И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!”
1 Почеток на Евангелието за Исуса Христа, Божјиот Син. 2 Како што е пишано кај пророците: „Ете, Јас го испраќам Својот гласник пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат; 3 гласот на оној, кој вика во пустината: ‘Пригответе го патот на Господа, израмнете Му ги патеките’.” 4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите. 5 И излегуваше при него целата Јудејска страна и сите ерусалимци; и тој ги крштаваше во реката Јордан, при што тие ги исповедуваа своите гревови. 6 А Јован беше облечен во облека од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед. 7 И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. 8 Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.” 9 И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан. 10 И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб. 11 И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!” 12 Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината. 13 И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа. 14 А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие. 15 И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!” 16 И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде Симона и Андреја, братот Симонов, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари. 17 И Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!” 18 И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 19 И кога одмина малку потаму ги виде: Јакова, Зеведеевиот син и брата му Јована - и нив во кораб - како ги крпат мрежите; 20 и веднаш ги повика и, оставајќи го татка си Зеведеја со наемниците во коработ, тргнаа по Него. 21 И дојдоа во Капернаум и веднаш во саботата, влезе во синагогата и поучуваше. 22 И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците. 23 Тогаш, во нивната синагога беше човек, опфатен од нечист дух, и извика 24 велејќи: „Ах! Што имаме ние со Тебе, Исусе Назарејче? Дали дојде да нè погубиш? Знам Кој си Ти: Божји Светец!” 25 И Исус му се закани: „Молкни и излези од него!” 26 И нечистиот дух го стресе, извика со висок глас и излезе од него. 27 И сите се зачудија, така што се прашуваа еден со друг, велејќи: „Што е ова? Нова наука - полна со сила! - Им заповеда и на нечистите духови и тие Му се покоруваат!” 28 И веднаш се разнесе глас за Него на сите страни, по целата галилејска околина. 29 И штом излезе од синагогата, дојде во куќата на Симона и Андреја, со Јакова и Јована. 30 А Симоновата тешта лежеше од треска, и веднаш Му рекоа за неа. 31 Тој и пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската ја остави, па им служеше. 32 А приквечер, по зајдисонце, Му ги доведоа сите болни и бесни 33 и целиот град се собра пред вратата. 34 И исцели мнозина, кои страдаа од разни болести: и истера многу бесови, и не им одобри на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја. 35 А наутро, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше. 36 А Симон и оние, кои беа со него, поитаа по Него, 37 и кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!” 38 И им одговори: „Да одиме: во соседните села, да проповедам и таму, зашто затоа и излегов.” 39 И дојде, проповедајќи - во нивните синагоги по цела Галилеја - и изгонувајќи ги бесовите. 40 И дојде при Него еден лепрозен, молејќи Го и коленичејќи, Му зборуваше: „ Ако сакаш, можеш да ме очистиш.” 41 И му се смили, ја протегна раката и го допре и му рече: „Сакам! Биди чист!” 42 И веднаш лепрата отиде од него и стана чист. 43 И предупредувајќи го строго, веднаш го отпушти 44 и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажеш! Туку оди, покажи му се на свештеникот, и принеси за своето очистување она, што заповедал Мојсеј - ним за сведоштво.” 45 А тој, штом си отиде, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, така што Исус не можеше веќе јавно да влезе во град; туку беше надвор, по пусти места; а доаѓаа кај Него од сите страни.
1 И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум; се чу дека е во куќа. 2 И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го проповедаше Словото. 3 И дојдоа при Него носејќи фатен, кого го носеа четворица. 4 И како не можеа да го донесат до Него, заради народот, го открија покривот над местото каде што беше, и го пробија и ја спуштија постелата, на која лежеше фатениот. 5 А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите.” 6 А некои од книжниците седеа таму и размислуваа во своите срца: 7 ”Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да опростува гревови, освен Еден Бог?” 8 И Исус веднаш штом созна со Својот дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: „Зошто размислувате така во своите срца? 9 Што е полесно да му се рече на фатениот: ‘Ти се опростуваат гревовите,’ или да му се рече: ‘Стани и земи ја својата постела, и оди!’ 10 Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот: 11 ”Тебе ти зборувам - стани, подигни ја својата постела и оди си дома!” 12 И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!” 13 И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше. 14 И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!” И тој стана и тргна по Него. 15 И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и врвеа по Него. 16 А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?” 17 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.” 18 Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа и Му рекоа: „Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?” 19 Исус им рече: „Можат ли сватовите да постат додека е младоженецот со нив? Додека го имаат со себе младоженецот, не можат да постат. 20 Но, ќе дојдат дни кога ќе им го грабнат младоженецот од нив; и тогаш - во тој ден - ќе постат. 21 Никој не пришива крпа од ново сукно врз стара облека. Инаку, закрпата го кине од неа новото од старото, и скинатото ќе биде полошо. 22 И никој не налева ново вино во стари мевови; инаку новото вино ќе ги скине мевовите, па ќе пропаднат и виното и мевовите. Туку, ново вино - во нови мевови!” 23 А кога во сабота одеше низ посевите, Неговите ученици почнаа да прават пат, кинејќи класје. 24 И фарисеите Му рекоа: „Гледај! Зошто го прават во сабота тоа што не е дозволено?” 25 Им рече: „Зар никогаш не сте читале, што направи Давид кога беше во неволја и кога огладне тој и оние, кои беа со него? 26 Како влезе во Божјиот дом, во времето на првосвештеникот Авијатар, и ги изеде поставените лебови, кои никој не смее да ги јаде, освен свештениците; и им даде на оние, кои беа со него!” 27 И им рече: „Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата. 28 Така, Човечкиот Син е Господар и на саботата.”
1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака. 2 И Го набљудуваа, дали ќе го излечи во сабота, за да Го обвинат. 3 И му рече на човекот, кој имаше сува рака: „Застани насреде!” 4 И им рече: „Дали е дозволено во сабота: да се прави добро или зло? Да се спаси душа, или да се погуби?” А тие молчеа. 5 Тогаш ги изгледа, наоколу, со гнев, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката!” И тој ја протегна и стана пак здрава неговата рака. 6 А фарисеите, кога излегоа, веднаш се советуваа со иродовците против Него, за да Го уништат. 7 А Исус се повлече со Своите ученици кон морето, и големо мноштво од Галилеја, тргна по Него, и од Јудеја, 8 и од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан; од околината на Тир и Сидон, големо множество дојде при Него, откако чуја што правел. 9 И им рече на Своите ученици да Му се приготви еден кораб, заради народот, за да не Го притискаат. 10 Бидејќи мнозина излекува, така што навалуваа на Него сите, кои страдаа, за да Го допрат. 11 И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син!” 12 И им забрануваше строго да не Го разгласуваат. 13 И се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои ги сакаше и тие отидоа кај Него. 14 И определи Дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат, 15 и да имаат власт да ги изгонуваат бесовите. 16 И ги определи Дванаесетмина: и на Симона му го даде името Петар, 17 па Јакова Зеведеев и Јована, братот Јаковов, на кои им го даде името Воанергес - што значи: Синови на Громот; 18 и Андреја, и Филипа, и Вартоломеја, и Матеја, и Тома, и Јакова Алфеев, и Тадеја, и Симона Хананец, 19 и Јуда Искариотски, кој Го предаде. 20 И дојде во една куќа, и пак се собра народ, така што не можеа ни леб да јадат. 21 А кога Неговите чуја за тоа, излегоа за да Го приберат, зашто зборуваа дека не е при Себеси. 22 Книжниците пак, кои дојдоа од Ерусалим, зборуваа дека го има Велзевула и дека со помош на демонскиот кнез ги истерува бесовите. 23 И откако ги повика, им зборуваше во параболи: „Како може сатаната да изгонува сатана? 24 Ако едно царство се раздели против себеси, тоа не може да се одржи. 25 И ако дом се раздели против себеси, тој дом не може да опстане. 26 И ако сатаната се кренал против себеси и се разделил, не ќе може да опстане, туку му дошол крајот. 27 Но никој не може да влезе во куќа на силен и да му ја ограби покуќнината, ако првин не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби неговата куќа. 28 Вистина ви велам, дека на човечките синови ќе им бидат простени сите гревови и хули, колку и да хулат; 29 но кој похули на Светиот Дух, нема прошка довека, 30 туку го обвинува вечен грев. Зашто рекоа: „Има нечист дух!” 31 И тогаш дојдоа: Неговата мајка и Неговите браќа и, стоејќи надвор, испратија при Него да Го повикаат. 32 А околу Него седеше народ и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и Твоите браќа надвор Те бараат!” 33 И во одговор им рече: „Кои се мајка Ми и браќа Ми?” 34 И ги погледна наоколу оние, кои седеа околу Него и рече: „Еве ги мајка Ми и браќа Ми; 35 зашто, кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.”
1 И пак почна да поучува покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што влезе во кораб и седеше на морето, а целиот народ беше на копното, покрај морето. 2 И ги поучуваше многу со параболи; и им рече во Својата поука: 3 ”Слушајте! Ете, излезе сејач да сее. 4 И кога сееше, едно зрно падна покрај патот, и дојдоа птици и го исколваа. 5 Друго падна на каменлива почва, каде немаше многу земја; и никна брзо, зашто немаше длабока земја. 6 А кога сонцето изгреа, овена и бидејќи немаше корен се исуши. 7 И друго падна во трње, и трњето израсна и го загуши, па не донесе плод. 8 А друго падна на добра земја и донесе плод, кој напредуваше и растеше, и принесе: едно триесет, и друго шеесет, а друго сто.” 9 И рече: „Кој има уши да слуша, нека слуша!” 10 А кога остана Сам, Го прашаа за параболата оние, кои беа околу Него со Дванаесетмината. 11 И им рече: „Вам ви е дадена тајната на Божјото Царство, а на оние кои се надвор, сè биднува во параболи, 12 за ‘гледајќи да гледаат и да не видат; и слушајќи да слушаат, а да не разбираат, за да не се покајат и да не им биде простено’.” 13 И им рече: „Не ја разбирате ли оваа приказна? А како ќе ги разберете сите параболи! 14 Сејачот сее слово. 15 Оние, покрај патот, каде се сее словото, се оние кај кои - кога ќе го чујат - веднаш доаѓа сатаната и го грабнува словото, посеано во нив. 16 Исто, посеани врз каменлива почва се оние, кои - штом го чујат словото - го примаат со радост, 17 но немаат во себе корен, туку се непостојани, и кога ќе дојде неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат. 18 А другите, што се посеани во трње, тоа се оние, кои го чуле словото, 19 но светските грижи, и измамливоста на богатството, и желбите за други работи, кога ќе влезат го загушуваат словото, и останува без плод. 20 А посеаните на добра земја се оние, кои го слушаат словото, го примаат и донесуваат плод: еден триесет, и еден шеесет, и еден сто. 21 И им рече: „Затоа ли се внесува светилка за да се стави под вршник или под легло, а не за да се стави на светилникот? 22 Зашто ништо не е скриено, што не ќе биде откриено; или што е направено тајно, а да не излезе на видело. 23 Кој има уши да слуша, нека слуша!” 24 И им рече: „Внимавајте што слушате! Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придаде вам, кои слушате. 25 Зашто кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што го има.” 26 И велеше: „Така, Божјото Царство е како кога човек ќе фрли семе во земја; 27 и спие и станува ноќе и дење, а семето никнува и расте, а самиот не знае како. 28 Земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебло, после клас - потоа клас полн со зрна. 29 А кога плодот узрее, веднаш испраќа срп, зашто настанала жетва.” 30 И велеше: „Со што да го споредиме Божјото Царство? Со каква парабола да го претставиме? 31 Тоа е како синаповото зрно, што кога се сее во земјата, е помало од сите семиња на земјата; 32 но кога е посеано, израснува и станува поголемо од сите зеленчуци и пушта големи гранки, така што небесните птици можат да се гнездат под неговата сенка.” 33 Со многу такви параболи им го кажуваше словото, колку што можеа да слушаат. 34 А без параболи ништо не им говореше, но насамо им објаснуваше сè на Своите ученици. 35 И вечерта на истиот ден им рече: „Да преминеме на другата страна!” 36 И кога го отпуштија народот Го зедоа Исуса со себе, како што беше во коработ; и други кораби беа со Него. 37 И се подигна силна бура, а брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе се полнеше. 38 А Тој при кормилото спиеше на перница. И Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа, што ние загинуваме?” 39 И стана, му се закани на ветрот и му рече на морето: „Стивни! Молкни!” И ветерот стивна и настана голема тишина. 40 И им рече: „Зошто се плашите толку? Како немате вера?” 41 И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е Овој, што и ветерот и морето Му се покоруваат?”
1 И дојдоа на другата страна на морето, во Гадаринскиот крај. 2 И кога излезе од коработ, веднаш му дојде во пресрет - од гробовите - човек со нечист дух. 3 Тој живееше во гробовите; никој не можеше веќе ни со окови да го врзе, 4 зашто многупати го ставаа во окови и вериги, но тој ги кинеше веригите и ги кршеше оковите, и никој не можеше да го скроти. 5 И постојано, ноќе и дење, беше во гробовите и по ридовите, викајќи и удирајќи се самиот со камења. 6 И кога Го виде Исуса оддалеку, дотрча, падна ничкум пред Него, 7 и извика со силен глас: „Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те заколнувам во Бога, на мачи ме!” 8 Зашто му рече: „Излези од човеков, нечисти душе!” 9 И го праша: „Како ти е името?” И Му рече: „Името ми е Легион, зашто сме мнозина.” 10 И го молеа многу да не ги истера од тој крај. 11 А таму, по ридот, пасеше големо стадо свињи. 12 И Го замолија сите демони, велејќи; „Прати нè во свињине, да влеземе во нив.” 13 И тукутака им дозволи и нечистите духови излегоа, и влегоа во свињите, и стадото - околу две илјади - се спушти по стрмнината во морето, и се удавија во морето. 14 А оние, кои ги пасеа, побегнаа и разгласија во градот и по селата, и дојдоа да видат што станало. 15 И кога дојдоа при Исуса и го видоа бесниот - во кого беше Легионот - како седи облечен и умен, се уплашија. 16 А оние, кои беа виделе, им раскажаа што се случи со бесниот и со свињите. 17 И почнаа да Го молат да си отиде од нивниот крај. 18 А кога влегуваше во коработ, оној кој беше фатен од бесовите, Му се молеше да биде со Него. 19 Но не му одобри, туку му рече: „Оди дома при своите, и раскажи им што ти направи Господ и како ти се смилува!” 20 И отиде и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус; и сите се восхитуваа. 21 И кога Исус пак премина со кораб на другата страна, многу народ се собра при Него, а Тој беше покрај морето. 22 И дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе. 23 И Го молеше многу, велејќи: „Мојата ќерка е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа - за да биде спасена и да живее!” 24 И отиде со него. И многу народ одеше по Него и Го притискаше. 25 И една жена, која страдаше од крвотечение дванаесет години, 26 и претрпела многу од мнозина лекари и си го потрошила целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и стана уште полошо; 27 откако чу за Исуса, дојде меѓу народот, одназад, и се допре до Неговата облека, 28 зашто си велеше: „Ако се допрам само и до Неговата облека, ќе се спасам!” 29 И веднаш и прекрати крвотечението и таа почувствува во телото дека е излекувана од болеста. 30 А Исус почувствува веднаш во Себе, дека сила излезе од Него, се сврте среде народот и рече: „Кој се допре до Мојата облека?” 31 Неговите ученици пак рекоа: „Гледаш дека народ Те притиска и велиш: ‘Кој се допре до Мене?’” 32 И Тој гледаше наоколу, за да види, кој го направи тоа. 33 А жената, уплашена и растреперена - зашто знаеше што стана со неа - дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина. 34 А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси! Оди си со мир и биди здрава од својата болест!” 35 Додека уште зборуваше, дојдоа од домот на началникот на синагогата и му рекоа: „Ќерка ти умре! Зошто Го измачуваш уште Учителот!” 36 А Исус, кога го чу зборот, што го рекоа, му рече на началникот на синагогата: „Не бој се! Само верувај!” 37 И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот Јаковов. 38 И дојдоа во куќата на началникот; и виде врева, дека плачеа и пиштеа многу, 39 и кога влезе им рече: „Зошто викате и плачете? Детето не е умрено, туку спие!” 40 И Му се потсмеваа. А Тој ги истера сите надвор, ги зеде: таткото на детето, и мајката и оние кои беа со Него, и влезе таму каде што беше детето. 41 И кога го фати детето за рака му рече: „Талита кум!”- што значи: „Девојче, Јас ти велам стани!” 42 И девојчето стана веднаш и одеше, зашто имаше дванаесет години. И веднаш се зачудија многу. 43 И им заповеда строго никој да не дознае за тоа, и рече да и дадат да јаде.
1 И отиде оттаму и дојде во Својот роден крај, а Неговите ученици одеа по Него. 2 А кога дојде саботата, почна да поучува во синагогата, и мнозина, кои слушаа, се зачудија и рекоа: „Откаде Му е ова Нему? И каква е мудроста што Му е дадена? И какви чудеса прават Неговите раце? 3 Не е ли овој дрводелец, Синот на Марија, и брат Јаковов, и Јосиин, и Јудин и Симонов? И не се ли Неговите сестри тука меѓу нас?” И се соблазнија во Него. 4 А Исус им рече: „Пророк не е без чест, освен во својот роден крај, и меѓу своите роднини и во својата куќа.” 5 И не можеше таму да направи никакво чудо, освен што исцели малку болни, полагајќи ги рацете врз нив. 6 И се чудеше на нивното неверие. И обиколуваше по околните села и поучуваше. 7 И ги повика Дванаесетмината; почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. 8 И им заповеда да не носат ништо за по пат освен еден стап: ни леб, ни торба, ни пари во појасот, 9 туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. 10 И им рече: „Каде и да влезете во куќа, останете таму, додека не излезете оттаму. 11 А ако не ве примат и не ве послушаат, излезете оттаму и истресете го правот од своите нозе, ним за сведоштво!” 12 И излегоа и проповедаа дека луѓето треба да се покајат. 13 И изгонуваа многу демони, и многу болни помазуваа со масло и ги оздравуваа. 14 И царот Ирод чу, зашто Неговото име беше прочуено, и зборуваше: „Јован Крстител стана од мртвите и затоа дејствуваат силите во него!” 15 Други пак велеа, дека е Илија; а други велеа дека е пророк, или како еден од пророците. 16 Но кога Ирод чу, рече: „Јован, кому јас му ја отсеков главата, тој стана од мртвите.” 17 Имено, Ирод испрати и го фати Јована и го врза во темницата, заради Иродијада, жената на брата му Филипа, бидејќи се ожени со неа, 18 зашто Јован му велеше на Ирода: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на брата си.” 19 А Иродијада беше озлобена на него и сакаше да го убие, но не можеше. 20 Зашто Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е човек праведен и свет, и го пазеше; и кога го слушаше, се збунуваше многу, но сепак го слушаше со задоволство. 21 И кога дојде погоден ден, кога Ирод на својот роденден, им даде вечера на своите кнезови, на војводите и на галилејските прваци; 22 влезе Иродијадината ќерка и поигра и им угоди на Ирода и на прилегнатите со него, и царот и рече на девојката: „Побарај од мене што сакаш и ќе ти дадам.” 23 И и, се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам - до половина на моето царство.” 24 А таа излезе и и рече на мајка си: „Што да побарам?” А таа рече: „Главата на Јована Крстител.” 25 И веднаш, откако влезе брзо кај царот, побара, велејќи: „Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на послужавник главата на Јована Крстител.” 26 И царот многу се натажи, но заради заклетвата и оние што седеа со него, не сакаше да ја одбие. 27 И царот веднаш испрати стражар и му нареди да ја донесе неговата глава. И тој отиде, му ја отсече главата во темницата, 28 и ја донесе неговата глава на послужавник и и ја даде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. 29 А кога неговите ученици чуја, дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија во гроб. 30 И апостолите се собраа при Исуса и Го известија за сè што направиле и што поучувале. 31 И им рече: „Дојдете вие сами, на пусто место и починете си малку!” Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, и немаа време ни да јадат. 32 И отидоа со кораб на пусто место насамо. 33 Но ги видоа кога заминуваа и мнозина Го познаа и се запатија пеш, од сите градови, и стигнаа пред нив. 34 А кога излезе од коработ, виде големо множество и се сожали за нив, зашто беа како овци без пастир, и почна да ги поучува многу. 35 И бидејќи времето поодмина доста, Неговите ученици Му пристапија и Му рекоа: „ Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Распушти ги, за да отидат по околните колиби и села, и да си купат нешто да јадат!” 37 А Тој одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!” Му рекоа: „Да одиме ли да купиме леб за двеста денарии и да им дадеме да јадат?” 38 А Тој им рече: „Колку лебови имате? Одете и видете!” И кога узнаа, рекоа: „Пет и две риби.” 39 И им заповеда да ги наместат сите по групи, на зелената трева. 40 И прилегнаа во групи по сто и педесет. 41 И ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, благослови и ги раскрши лебовите, па им даваше на учениците да ги ставаат пред нив; и двете риби им ги раздели на сите. 42 И сите јадеа и се наситија. 43 И кренаа дванаесет кошници полни со лебни залаци, и од рибите. 44 А оние кои јадеа леб, беа околу пет илјади мажи. 45 И веднаш ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да отидат порано на другата страна, кон Витсаида, додека Тој го распушти народот. 46 И откако се прости од нив, отиде на гората да се помоли. 47 А приквечер каработ беше среде море, а Тој самиот на земјата. 48 И кога ги виде како се мачат веслајќи - зашто ветерот им беше спротивен, околу четвртата ноќна стража, дојде до нив, одејќи по морето, и сакаше да ги замине. 49 А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека е привидение, и извикаа, 50 зашто сите Го видоа и се исплашија. Но, Тој веднаш им проговори и им рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се!” 51 Тогаш влезе при нив во коработ, и ветерот стивна. Тие се зачудија многу во себе, 52 зашто не го разбраа чудото со лебовите, туку срцето им беше закоравено. 53 И кога преминаа, дојдоа на копно во Генисарет и излегоа. 54 Кога излегоа од коработ, веднаш Го познаа, 55 се растрчаа по целата таа околија и почнаа да донесуваат болни, на постели, каде што чуја дека е Тој. 56 И каде и да влегуваше во села, или во градови, или во селца, на трговиштата ги ставаа болните и Го молеа да Го допрат барем до ресите на Неговата облека. И сите, кои Го допреа беа исцелени.
1 И се собраа околу Него фарисеите и некои од книжниците, кои беа дошле од Ерусалим, 2 и видоа дека некои од неговите ученици јадат леб со нечисти, односно неизмиени, раце. 3 Зашто фарисеите и сите Јудејци - држејќи се до преданијата на старите - не јадат, ако не ги измијат рацете до лактите; 4 и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, ако не се измијат. И има уште многу друго, што го примиле да го одржуваат: миење на чаши, врчви, бакарни садови и столови. 5 И така, фарисеите и книжниците Го прашаа; „Зошто Твоите ученици не живеат според преданијата на старите, туку јадат леб со неизмиени раце?” 6 А Тој им рече: „Добро пророкуваше Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‘Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене; 7 напразно Ме почитуваат, учејќи науки, што се човечки повелби.’ 8 Вие ја оставате Божјата заповед, а го држите човечкото предание. 9 Вие добро ја укинувате - продолжи Тој - Божјата заповед, за да го држите вашето предание!” 10 Имено, Мојсеј рече: ‘Почитувај ги татка си и мајка си!’ и ‘Кој ќе го проколне татка си и мајка си, да биде казнет со смрт!’ 11 А вие велите: ‘Ако некој рече на татка си или на мајка си: Она што можам да ти помогнам е ветено, односно жртвен дар,’ 12 не го оставате веќе да направи што и да е за својот татко и за својата мајка. 13 И така го укинувате Божјото слово со своето предание, што вие го воспоставивте, и правите многу други работи слични на ова.” 14 Тогаш повторно го повика народот при Себе и му рече: „Слушајте ме сите и разберете! 15 Нема ништо, вон човекот, што би можело да го направи нечист кога ќе влезе во него; туку она што излегува од човекот, тоа го прави нечист. 16 Кој има уши, нека слуша!” 17 Веднаш, кога се оддалечи од народот, Тој влезе во една куќа, Неговите ученици Го прашаа за смислата на параболата. 18 Тој им рече: „Така! Зар и вие не разбирате? Не сфаќате ли дека ништо не може да го направи човекот нечист, што влегува однадвор во него, 19 зашто не влегува во неговото срце, туку во стомакот и оди на одредено место?” Така ги прогласи сите јадења за чисти. 20 Исто така им велеше: „Она што излегува од човекот, тоа го прави нечист, 21 зашто од внатрешноста, од човечкото срце, излегуваат: лоши мисли, разни видови блуд, убиства, 22 кражби, лакомства, лукавства, пакости, разузданост, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. 23 Сите тие зла излегуваат од внатре и го прават нечист човекот.” 24 Се крена оттаму и отиде во Тирскиот и Сидонскиот Крај. Влезе во една куќа и сакаше никој да не го дознае. А не можеше да остане скриен. 25 Кога чу за него една жена, чија ќерка беше опфатена од нечист дух; таа дојде и падна пред Неговите нозе. 26 А таа жена беше Елинка, родум Сирофеничанка. И Го молеше да го истера бесот од ќерка и. 27 А Тој и рече: „Остави прво да се наситат децата, зашто не е добро да им се земе лебот на дечињата и да се фрли на кученцата.” 28 Таа пак одговори: „Да, Господи! но и кученцата под трпезата јадат од трошките на децата.” 29 И и рече: „Заради тој збор - оди си - бесот излезе од ќерка ти.” 30 И се врати дома и го најде детето, како лежи на постелата, а бесот излезен. 31 И кога излезе пак од пределите на Тир, дојде - преку Сидон - до Галилејското Море, среде пределите на Десеттоградието. 32 И Му доведоа глувонем и Го молеа да положи рака на него. 33 И го одведе насамо од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши, и плукна и го допре неговиот јазик; 34 погледна кон небото, воздивна и му рече: „Ефата!” - односно: „Отвори се!” 35 И веднаш му се отворија ушите и му се разврза врската на неговиот јазик, и зборуваше чисто. 36 И им порача никому да не кажуваат. Но колку повеќе им наредуваше Тој, толку повеќе тие разгласуваа. 37 И прекумерно се чудеа и велеа: „Сè добро прави! И глувите ги прави да слушаат, и немите да зборуваат!”
1 Во тие дни, кога пак се собра големо множество и немаа што да јадат, ги повика Своите ученици и им рече: 2 ”Жал ми е за народот, зашто веќе три дни се постојано покрај Мене и нема што да јадат. 3 Ако ги распуштам гладни по нивните куќи, ќе премалеат по патот, зашто некои од нив се дојдени оддалеку.” 4 И Неговите ученици Му одговорија: „Откаде може некој да ги насити со лебови, тука во пустината?” 5 И ги праша: „Колку лебови имате?” А тие рекоа: „Седум”. 6 Тогаш му заповеда на народот да прилегне на земјата. И ги зеде седумте лебови, заблагодари и ги раскрши, и им даваше на Своите ученици да ги стават, и тие ги ставија пред множеството. 7 Имаа и малку рипчиња. И кога ги благослови, заповеда да ги стават и нив. 8 И јадеа и се наситија, и дигнаа седум кошници останати парчиња. 9 А беа околу четири илјади; и ги распушти. 10 И веднаш влезе во кораб со Своите ученици, и дојде во околината на Далманута. 11 И фарисеите излегоа и почнаа да се препираат со Него, барајќи од Него знак од небото, да Го искушаат. 12 А Тој воздивна, со својот дух и рече: „Зошто ова поколение бара знак? Вистина ви велам, нема да му се даде знак на овој род.” 13 И ги остави пак, влезе во коработ и премина на другата страна. 14 И заборавија да земат леб, и имаа само еден леб со себе во коработ. 15 И им заповеда, велејќи; „Гледајте! Чувајте се од фарисејскиот квас и од квасот Иродов!” 16 Тие пак размислуваа меѓу себе: „Бидејќи немаме леб!” 17 А Исус кога го разбра тоа им рече: „Зошто мислите дека немате леб? Уште ли не разбирате и не сфаќате? Скаменето ли е вашето срце? 18 Очи имате, а не гледате? Уши имате, а не слушате? 19 И не си спомнувате ли, кога ги раскршив петте лебови на пет илјади, колку кошници полни со залаци кренавте?” Му рекоа: „Дванаесет.” 20 Кога раскршив седум лебови на четири илјади, колку кошници полни со залаци кренавте?” Рекоа: „Седум”. 21 И им рече: „Уште ли не разбирате?” 22 И дојдоа во Витсаида. И Му доведоа еден слеп и Го молеа да го допре. 23 Тој го фати слепецот за рака, го изведе надвор од селото и му плукна во очите; ги положи рацете на него и го праша: „Гледаш ли нешто?” 24 Ги подигна очите и рече: „Гледам луѓе како одат - ги гледам како дрва.” 25 Потоа пак ги положи рацете на неговите очи, и прогледа и оздраве, и гледаше сè јасно. 26 И го испрати во неговиот дом, велејќи: „Не влегувај во селото, и никому не раскажувај!” 27 И излезе Исус, со Своите ученици, по селата на Кесарија Филипова; а патем ги прашуваше Своите ученици, велејќи им: „Што велат луѓето, Кој Сум Јас?” 28 Тие Му рекоа: „Јован Крстител, други велат Илија; а трети - дека си еден од пророците.” 29 Но Тој ги праша: „А вие за Кого Ме сметате?” Петар во одговор Му рече: „Ти си Христос”. 30 И им забрани никому да не зборуваат за Него. 31 И почна да ги учи дека Човечкиот Син треба да пострада многу и да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците; дека ќе Го убијат и дека по три дни ќе воскресне. 32 И тоа го зборуваше отворено. А Петар Го зеде насамо и почна да Го укорува. 33 Но Тој се заврте и ги погледна Своите ученици, го укори Петра и рече: „Оди си од Мене, сатано, зашто ти не мислиш за она што е Божјо, туку за она што е човечко.” 34 И го повика народот, заедно со Своите ученици и им рече: „Кој сака да дојде по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека оди по Мене. 35 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене и Евангелието, ќе ја спаси. 36 Зашто, што му користи на човекот, ако го добие целиот свет, а на својата душа и напакости! 37 Зашто, што може човекот да даде во замена за својата душа? 38 Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови во овој прељубодеен и грешен род, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Татко, со светите ангели.”
1 И им рече: „Вистина ви велам - има некои меѓу овие, кои стојат тука, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото Царство дојдено во сила.” 2 И по шест дни, Исус ги зеде Петра, Јакова и Јована и ги изведе само нив на една висока планина, насамо, и се преобрази пред нив; 3 и неговите облеки станаа блескави и многу бели, како што белител на земјата не може да ги избели. 4 И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. 5 А Петар проговори и Му рече на Исуса: „Рави! Учителе, добро е да сме тука; да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија.” 6 Имено, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени. 7 И дојде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: „Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го Него!” 8 И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа покрај себе, освен Исуса. 9 А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажуваат што видоа, додека Човечкиот Син не воскресне од мртвите.” 10 И тие го држеа цврсто тој збор, но меѓусебно расправаа: што значи - да се воскресне од мртви? 11 И Го прашаа: „Зошто книжниците велат дека првин Илија треба да дојде?” 12 А Тој им рече: „Илија ќе дојде првин, и ќе воспостави сè. А како е напишано за Човечкиот Син: дека треба многу да пострада и да биде презрен? 13 Но, Јас ви велам, дека Илија дојде, и постапија со него, како што сакаа, како што е напишано за него.” 14 И кога дојдоа при учениците, видоа многу големо множество околу нив и книжници, кои се препираа со нив. 15 И штом целото множество Го виде, се зачудија, и се стрчаа и Го поздравуваа. 16 И ги праша: „За што се препирате со нив?” 17 А еден од народот му одговори: „Учителе, Ти го доведов сина си, во кого е нем дух; 18 и кога го фаќа, го кутнува, а тој се пени, чкрта со забите и се здрвува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.” 19 А Тој одговори и рече: „О неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!” 20 И Му го доведоа. А штом духот го виде, веднаш го стресе и тој падна на земја, се тркалаше и се пенеше. 21 Тогаш го праша татка му: „Колку време има откако му се случува ова? А тој рече: „Од детството, 22 а често го фрла во оган и во вода - за да го погуби. Но, ако можеш нешто, смилувај ни се и помогни ни!” 23 Исус пак му рече: „Ако можеш нешто! Сè е можно на оној, кој верува!” 24 Таткото на детето веднаш извика и рече: „Верувам! Помогни му на моето неверие!” 25 А Исус штом виде дека придојдува народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: „Нем и глув душе, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!” 26 И извика, и го стресе силно детето и излезе. И беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. 27 А Исус го фати за рака, го поткрена и тоа стана. 28 А кога дојде во една куќа, Неговите ученици Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?” 29 И им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.” 30 И кога замина оттаму, минуваа низ Галилеја, и не сакаше некој да научи за тоа; 31 имено, ги поучуваше Своите ученици и велеше: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат; и откако ќе Го убијат, Тој ќе воскресне на третиот ден. 32 Но тие не го разбраа тој збор, а се боеја да Го прашаат.” 33 И дојдоа во Капернаум, и кога беше во куќата, ги праша: „За што се расправавте патем?” 34 А тие молчеа, зашто патем се расправаа меѓусебно за тоа кој е поголем. 35 Тој пак седна, ги повика Дванаесетте и им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите!” 36 Тогаш зеде едно детенце, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: 37 ”Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној Кој Ме испратил.” 38 Јован Му рече: „Учителе, видовме еден - кој во Твое име - изгонуваше зли духови, а не оди по нас, и му забранивме, зашто не оди по нас.” 39 А Исус рече: „Не бранете му! Зашто нема никој, кој би правел чудо во Мое име и да може веднаш потоа да говори зло за Мене. 40 Зашто, кој не е против нас, тој е со нас.” 41 И кој ќе ве напои со чаша ладна вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда. 42 А кој соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, подобро ќе му биде да му обесат на вратот воденички камен и да биде фрлен во морето. 43 И ако твојата рака те соблазнува, отсечи ја. Подобро е да влезеш без рака во животот, отколку со двете раце да отидеш во пеколот, во неизгорлив оган, 44 каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува. 45 Ако твојата нога те соблазнува, отсечи ја! Подобро е за тебе да влезеш во животот хром, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот, 46 каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува. 47 И ако и твоето око те соблазнува, извади го! Подобро е за тебе да влезеш во Божјото Царство со едно око, отколку да бидеш со двете очи фрлен во пеколот, 48 каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува. 49 Зашто секој ќе биде посолен со оган, и секоја жртва ќе се осоли со сол. 50 Солта е добра, но ако солта стане несолена, со што ќе ја поправите? Имајте сол во себе и имајте мир помеѓу себе.”
1 И стана оттаму и дојде во пределите на Јудеја, од онаа страна на Јордан; и пак народот Му се придружи, а Тој ги поучуваше, според Својот обичај. 2 И Му пристапија фарисеите и Го прашаа, за да Го искушуваат: „Дозволено ли му е на мажот, да ја остави жената?” 3 А Тој им одговори и рече: „Што ви заповеда Мојсеј?” 4 Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да и се напише разводно писмо и да се остави.” 5 Но Исус им рече: „Заради вашето кораво срце - тој ви ја напиша таа заповед. 6 Но, во почетокот на создавањето, Бог ги создаде: машко и женско. 7 Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до жена си; 8 и двајцата ќе бидат едно тело. И така, не се веќе две - а едно тело. 9 И така, Бог што соединил, човекот да не раздвојува. 10 И дома, учениците пак го прашаа за тоа. 11 И Тој им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, прави прељуба спрема неа. 12 И ако таа го напушти мажот и се омажи за друг, прави прељуба. 13 И Му донесуваа дечиња, за да ги допре, а учениците ги укоруваа. 14 А кога Исус го виде тоа, негодуваше и им рече: „Оставете ги дечињата да дојдат при Мене; не им бранете; зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство! 15 Вистина ви велам, кој не го прима Божјото Царство како мало дете, нема да влезе во него.” 16 И ги прегрна и ги благослови, положувајќи ги рацете врз нив. 17 И кога излегуваше на пат, некој притрча, клекна пред Него и Го праша: „Добар Учителе, што да правам, за да наследам вечен живот?” 18 А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар! Никој не е добар освен Единиот Бог. 19 Ги знаеш заповедите: „Не убивај! Не прави прељуба! Не кради! Не сведочи лажно! Не измамувај! Почитувај ги татка си и мајка си!” 20 Но тој Му одговори: „Учителе, сето тоа го пазев од својата младост.” 21 А Исус го погледна, го возљуби и му рече: „Едно не ти достига: оди, продај сè што имаш, и дај им на сиромасите и ќе имаш сокровиште на небото! И дојди, земи го крстот и следи Ме!” 22 А тој се натажи од тој збор и си отиде жалејќи, зашто имаше многу имоти. 23 И Исус погледна наоколу и им рече на Своите ученици: „Колку тешко ќе влезат богатите во Божјото Царство!” 24 А учениците се зачудија од Неговите зборови. Но Исус пак проговори и им рече: „Чеда, колку е тешко да влезат во Божјото Царство, оние кои се надеваат на богатство! 25 Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјото Царство!” 26 А тие се зачудија уште повеќе, велејќи си еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси?” 27 Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бога не е; зашто за Бога сè е можно!” 28 Петар почна да Му зборува: „Гледај, ние оставивме сè и одиме по Тебе!” 29 Исус пак одговори и рече: „Вистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието, 30 а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - заедно со гонењата - а во идниот век: вечен живот. 31 Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први.” 32 А кога беа на пат искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, и се чудеа; а оние кои одеа по Него се боеја. И пак ги собра Дванаесетмината и почна да им кажува што ќе Му се случи: 33 ”Ете, одиме горе во Ерусалим и Човечкиот Син ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на многубошците; 34 и ќе Го исмеат, ќе Го плукаат, ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дни ќе воскресне.” 35 И Му пристапија Јаков и Јован, Зеведеевите синови, и Му рекоа: „Учителе, сакаме да ни сториш, што ќе побараме од Тебе.” 36 Тој ги праша: „Што сакате да ви направам?” 37 Тие пак Му рекоа: „Дај ни да седнеме еден оддесно, а еден одлево, до Тебе во Твојата слава!” 38 А Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што Јас ја пијам или да се крстите со крштавањето со кое Јас се крштавам?” 39 Тие Му одговорија: „Можеме!” Но Исус им рече: „Ќе ја пиете чашата што Јас ја пијам и ќе бидете крстени со крштавањето со кое Јас се крштавам; 40 но да се седне оддесно или одлево до Мене, тоа не го давам Јас, а ќе им се даде на оние, за кои е приготвено.” 41 А Десетмината кога чуја, почнаа да негодуваат против Јакова и Јована. 42 Но Исус ги повика при Себе и им рече: „Знаете дека оние, кои се сметаат за владетели на народите - господарат над нив; и дека нивните големци имаат власт над нив. 43 Но меѓу вас не е така; а кој сака да биде голем меѓу вас нека ви биде слуга! 44 А кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга на сите, 45 зашто и Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!” 46 И дојдоа во Ерихон. А кога излегуваше од Ерихон, со Своите Ученици и со големо множество, Вартимеј, Тимеевиот син, слеп просјак, седеше покрај патот. 47 И штом чу дека тоа е Исус Назареецот, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!” 48 А мнозина му се закануваа да молчи, но тој викаше уште посилно: „Давидов сине, смилувај ми се!” 49 Исус застана и рече: „Повикајте го!” И го повикаа слепецот и му рекоа: „Не бој се! Стани, те вика!” 50 А тој ја фрли својата наметка, скокна и дојде при Исуса. 51 Исус пак проговори: „Што сакаш да ти сторам?” А слепецот Му одговори: „Учителе, да прогледам!” 52 Тогаш Исус му рече: „Оди си - твојата вера те спаси!” И веднаш прогледа и тргна по Него, по патот.
1 И кога се приближија до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, при Маслиновата Гора, Исус испрати двајца Свои ученици 2 и им рече: „Одете во селоно што е пред вас и штом ќе влезете ќе најдете врзано осле, на кое уште никој од луѓето не седел. Одврзете го и доведете го! 3 И ако ви рече некој: ‘Зошто го правите тоа?’ - речете: ‘Му треба на Господа’, и тој веднаш ќе го прати тука.” 4 И отидоа и го најдоа ослето врзано до вратата, надвор покрај патот, и го одврзаа. 5 А некои од оние, кои стоеја таму им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате ослето?” 6 А тие им одговорија како што им рече Исус, и тие ги оставија. 7 И го доведоа, при Исуса, ослето, и ги ставија своите облеки врз него, и седна на него. 8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот, а други - гранчиња, што ги сечеа по нивите. 9 А тие кои одеа пред Него и по Него викаа: „Осана! Благословен, Кој доаѓа во Господово име! 10 Благословено царството на нашиот татко Давид, што доаѓа во името Господово! Осана во висините!” 11 И влезе во Ерусалим, во Храмот, и штом разгледа сè - бидејќи веќе беше доцна - излезе со Дванаесетмината во Витанија. 12 А утреден, кога излегоа од Витанија, Тој огладне. 13 И оддалеку виде една смоква, што имаше лисја; дојде не би ли нашол нешто на неа; а кога дојде не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви. 14 Тогаш проговори и и рече: „Отсега никој довека да не јаде плод од тебе!” А Неговите ученици слушаа. 15 И дојдоа во Ерусалим. И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува сите, кои купуваа и продаваа во Храмот. И им ги преврте масите на менувачите на сребрениците, и столиците на продавачите на гулаби. 16 И не дозволуваше некој да пренесе каков и да било сад низ Храмот. 17 И ги поучуваше, велејќи им: „Не е ли напишано: ‘Мојот Дом ќе се нарече Дом на молитва за сите народи,’ а вие направивте од него разбојничка пештера!” 18 А главните свештеници и книжниците го чуја тоа, и бараа како да Го погубат, зашто се боеја од Него; имено сиот народ беше восхитен од Неговата наука. 19 А навечер излегуваше од градот. 20 А наутро кога поминуваа, ја видоа смоквата исушена од корен. 21 А Петар се сети и Му рече: „Учителе, погледај! Се исушила смоквата, што ја проколна!” 22 Исус одговори и им рече: 23 ”Имајте вера во Бога! Вистина ви велам, ако некој и рече на оваа гора: ‘Дигни се и фрли се во морето,’ а не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе биде она што го рече, тоа и ќе биде. 24 Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде. 25 И кога стоите на молитва, проштавајте ако имате нешто против некого, за да ви ги прости и вашиот Татко, Кој е на небесата, вашите гревови. 26 Ако пак вие не проштавате, и вашиот Татко, Кој е на небесата, нема да ви ги прости вашите гревови.” 27 И дојдоа пак во Ерусалим, и кога одеше низ Храмот, дојдоа при Него главните свештеници, книжниците и старешините, 28 и Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и Кој Ти ја даде таа власт да го правиш тоа?” 29 А Исус им рече: „Ќе ве прашам еден збор и одговорете Ми, и ќе ви кажам со каква власт го правам ова. 30 Јовановото крштавање од небото ли беше или од луѓето? Одговорете Ми!” 31 А тие размислуваа меѓу себе: „ Ако кажеме од небото, ќе ни рече: ‘Зошто тогаш не му поверувавте?’ 32 Но, ако речеме од луѓето?’ Се боеја од народот, зашто сите сметаа дека Јован беше навистина пророк. 33 Му одговорија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!” А Исус им рече: „Ни Јас не ви кажувам, со каква власт го правам ова.”
1 И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје; го загради со плет; ископа точилница; изгради кула, и им го даде под наем на земјоделците, и замина. 2 А во време на плод, испрати слуга кај земјоделците, да прими од земјоделците дел од плодот на лозјето. 3 Но тие го фатија, го претепаа и го пуштија со празни раце. 4 И пак им испрати друг слуга; и нему каменувајќи го, го погодија по глава и го отпуштија навреден. 5 Испрати и друг, а него го убија; и мнозина други: едни претепаа, а други убија. 6 Имаше уште еден: возљубениот син. Него го испрати последен при нив, велејќи: ‘Ќе го почитуваат мојот син!’ 7 Но, земјоделците си рекоа меѓу себе: ‘Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.’ 8 И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. 9 И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе го даде на други. 10 Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот; 11 тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи’!” 12 И бараа да Го фатат, но се плашеа од народот; зашто разбраа дека за нив ја кажа таа парабола. И Го оставија и си отидоа. 13 Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат во збор. 14 Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето, туку според вистината учиш за Божјиот пат. Дали е дозволено да се даде данок на царот или не е? Да даваме ли или да не даваме?” 15 А Тој, знаејќи го нивното лицемерие, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете ми денариј да го видам!” 16 А тие Му донесоа. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Тие пак рекоа: „На царот.” 17 Исус им рече: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога.” И Му се чудеа. 18 И дојдоа при Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи: 19 ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре брат и остави жена, а не остави потомок; неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на брата си.” 20 Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок. 21 И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така. 22 И седуммината не оставија потомство. А по сите умре и жената. 23 По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му биде жена, зашто седуммината ја имаа за жена?” 24 Исус им рече: „Не се заблудувате ли, зашто не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила? 25 Зашто кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како небесните ангели. 26 А за мртвите - дека ќе воскреснат, не читавте ли во Мојсеевата книга, при капината, како Бог му рече: ‘Јас Сум Бог Авраамов, и Бог Исаков и Бог Јаковов’? 27 Тој не е Бог на мртвите, туку на живите! Многу се измамувате!” 28 И пристапи еден од книжниците, кој чу како се препираат, знаејќи дека им одговори добро, Го праша: „Која е прва од сите заповеди?” 29 Исус одговори: „Првата е: ‘Слушај Израеле - Господ, нашиот Бог - е единствен Господ, 30 и љуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила’!” 31 А оваа е втората: „Љуби го својот ближен како себеси!” Друга заповед, поголема од овие, нема.” 32 И книжникот Му рече: „Добро, Учителе, кажа според вистината дека Бог е Еден, и нема друг освен Него, 33 и да Го љубиш Него со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила; и да го љубиш ближниот како себеси, тоа е многу повеќе од сите паленици и жртви.” 34 А Исус кога виде дека одговори разумно - му рече: „ Не си далеку од Божјото Царство.” И никој повеќе не се осмели да Го праша. 35 И проговори Исус и зборуваше, поучувајќи во Храмот: „Како зборуваат книжниците дека Христос е Син Давидов? 36 Самиот Давид рече преку Светиот Дух: „Му рече Господ на мојот Господ: „Седи оддесно Мене, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе.” 37 Самиот Давид Го наречува ‘Господ’ - како може тогаш да му биде син?” И големо множество Го слушаше со задоволство. 38 И во Својата поука, рече: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат: да одат во долги облеки; и поздрави по трговиштата; 39 и први седишта во синагогите, и челни места на гозбите. 40 Кои ги изедуваат домовите на вдовиците; и преправајќи се, се молат долго - тие ќе бидат судени построго!” 41 И седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во ковчежето; и мнозина богати пуштаа многу. 42 И дојде една бедна вдовица и пушти внатре две лепти, односно еден кодрант. 43 Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: „Вистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите, кои пуштаа во ковчежето. 44 Зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштина - пушти сè што имаше: целиот свој имот.”
1 И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!” 2 А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат. 3 И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо: 4 ”Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сè тоа ќе се исполни?” 5 А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами! 6 Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина. 7 Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток; 8 зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.” 9 ”Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво. 10 Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи. 11 А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух. 12 И брат брата ќе предаде на смрт, и татко - чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. 13 И сите ќе ве мразат заради Мене, а кој претрпи до крај, тој ќе се спаси. 14 А кога ќе видите дека ‘мерзоста на запустението’ како што рече пророкот Даниел, да стои, каде што не треба - кој чита, нека разбере! - тогаш оние, кои се во Јудеја, нека бегаат по горите! 15 Кој е на покривот, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа; 16 а кој е во полето, нека не се враќа да ја земе својата наметка. 17 Тешко им на трудните жени и на доилките во тие дни! 18 Молете се, тоа да не биде зиме! 19 Зашто во тие дни ќе има неволја каква немало од почетокот на Божјото создавање, па досега, и нема да биде. 20 И ако Господ не ги скрати тие дни, не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра, ги скрати дните. 21 И ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, тука е Христос! Ене, таму!’ не верувајте; 22 зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно. 23 А вие внимавајте! Ете, ви кажав сè однапред!” 24 ”Во тие дни - после тие неволји - сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, 25 ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се расклатат. 26 И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците, со голема сила и слава. 27 И тогаш, Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.” 28 А од смоквата научете ја приказната: кога нејзината гранка омекне и разлиста, знаете дека летото е близу. 29 Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека е близу - пред врата. 30 Вистина ви велам, ова поколение нема да помине, додека сè ова не се збидне. 31 Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат. 32 А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, а само Таткото.” 33 ”Внимавајте, бдејте! Зашто не знаете, кога ќе биде времето! 34 Како човек, кој - тргнувајќи на пат - ја остави својата куќа и ги овласти своите слуги, секому му ја одреди неговата работа, а на вратарот му нареди да бдее. 35 И така: бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер ли, или на полноќ, или кога петлите ќе пропеат, или наутро, 36 за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани. 37 А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!”
1 А беа два дни до Пасха и до празникот на Бесквасните лебови. И главните свештеници и книжниците бараа како да Го фатат на измама и да Го убијат, 2 но зборуваа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.” 3 И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава. 4 А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото! 5 Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!” И негодуваа против неа. 6 Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто и досадувате? Таа направи добро дело на Мене. 7 Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш. 8 Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение. 9 И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.” 10 И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде. 11 А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде. 12 А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Неговите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?” 13 И испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него 14 и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?” 15 И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!” 16 И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата. 17 А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината. 18 И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.” 19 Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: „Да не сум јас?” А друг: „Дали јас?” 20 А Тој им рече: „Еден од Дванаесетмината, кој макнува со Мене во чинијата. 21 Човечкиот Син си оди, како што е напишано за Него; но горко му на тој човек, преку кого Човечкиот Син ќе биде предаден. Подобро би му било на тој човек, да не се родил.” 22 И кога јадеа, зеде леб, благослови, го раскрши, им раздаде и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.” 23 И ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и сите пиеја од неа. 24 И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина. 25 Вистина ви велам: нема веќе да пијам од лозовиот плод до оној ден, кога ќе пијам нов во Божјото Царство.” 26 И откако испеаја песна, излегоа на Маслиновата Гора. 27 И Исус им рече: „Сите ќе се соблазните, зашто е напишано: „Ќе го удрам Пастирот, и овците ќе се разбегаат.” 28 А по Своето воскресение, ќе отидам пред вас во Галилеја.” 29 А Петар Му рече: „Ако и сите се соблазнат, но јас - не.” 30 И Исус му рече: „Вистина ти велам, дека ти денес, во оваа ноќ, пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.” 31 Но тој уште поупорно зборуваше: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе!” И сите го велеа истото. 32 И дојдоа до место, по име Гетсиманија, и им рече на Своите ученици: „Седете тука, додека се помолам!” 33 И ги зеде со Себе: Петра, Јакова и Јована, се натажи, и почна длабоко да се вознемирува. 34 И им рече: „Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!” 35 И отиде малку подалеку, падна на земја и се молеше, - ако е можно - да Го одмине тој час, 36 и велеше: „Ава, Татко! Сè е можно за Тебе. Отстрани ја од Мене оваа чаша! Но не како Јас што сакам, туку како Ти!” 37 И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час! 38 Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.” 39 И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва. 40 Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат. 41 И дојде по третпат и им рече: „Сè уште спиете и почивате!” Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во грешнички раце. 42 Станете, да одиме! Еве, наближи Мојот предавник!” 43 И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од Дванаесетмината, и со него множество, со мечеви и со стапови; испратени од главните свештеници, книжниците и старешините. 44 А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е; фатете Го Него и одведете Го внимателно.” 45 И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: „Рави! Рави! И Го целива топло.” 46 А тие ставија раце на Него и Го фатија. 47 А еден од оние, кои стоеја таму, истрга меч и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. 48 Исус пак одговори и им рече: „Излеговте како на разбојник, со мечеви и стапови, за да Ме фатите! 49 Секој ден бев при вас, во Храмот, и поучував, но не Ме фативте. Но, Писмата треба да се исполнат!” 50 Тогаш, сите Го оставија и се разбегаа. 51 А по Него одеше еден млад човек, наметнат со платно на голото тело, и го фатија него; 52 но тој го остави платното и избега гол од нив. 53 И Го одведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа сите главни свештеници, старешини и книжници. 54 А Петар Го следеше оддалеку сè до - во дворот на првосвештеникот. Таму седеше со слугите и се грееше покрај огнот. 55 А првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштво против Исуса, за да Го убијат, но не најдоа. 56 Зашто мнозина сведочеа лажно против Него, но сведоштвата не беа еднакви. 57 И некои станаа и сведочеа лажно против Него, велејќи: 58 ”Ние Го чувме како зборуваше: „Ќе го урнам овој ракотворен Храм и за три дни ќе изградам друг - неракотворен. „ 59 Но ни така нивното сведоштво не беше еднакво. 60 Тогаш првосвештеникот стана на средина и Го праша Исуса, велејќи: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?” 61 А Тој молчеше и ништо не одговори. Првосвештеникот Го праша пак: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?” 62 А Исус рече: „Јас Сум. И вие ќе Го видите Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како иде со небесните облаци.” 63 Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Зошто ни се потребни веќе сведоци? 64 Чувте богохулство! Како ви се гледа?” А тие сите Го осудија дека заслужува смрт. 65 И некои почнаа да Го плукаат и да Му го покриваат лицето, да Го удираат со тупаници и да Му велат: „Проречи!” И слугите Го удираа по образите. 66 И кога Петар беше долу, во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот; 67 и кога го виде Петра, како се грее, го погледна и му рече: „И ти беше со Исуса Назареецот!” 68 Но тој одрече, велејќи: „Ниту знам, ниту разбирам што зборуваш!” И излезе надвор во преддворјето и петел запеа. 69 А слугинката го виде и почна пак да им зборува на оние, кои стоеја таму: „И овој е од нив!” 70 А тој пак одрече. Подоцна, оние, кои стоеја таму, пак му рекоа на Петра: „Навистина си од нив, зашто и ти си Галилеец а и говорот се сложува.” 71 А тој почна да се колне и да се заколнува: „Не Го познавам човекот за Кого зборувате.” 72 И веднаш петелот запеа по вторпат. А Петар се сети на зборовите, што му ги рече Исус: „Пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.” И почна да плаче.
1 И веднаш наутро, првосвештениците, со старешините и книжниците и целиот Синедрион, Го врзаа Исуса, Го одведоа и му Го предадоа на Пилата. 2 И Пилат Го праша: „Ти ли си Јудејскиот Цар?”А Тој му одговори и рече: „Ти велиш!” 3 Првосвештениците Го обвинуваа многу. Но Тој не одговори ништо. 4 А Пилат пак Го праша: „Ништо ли не одговараш? Гледај, колку Те оптужуваат!” 5 Но Исус веќе ништо не одговори, така што Пилат се чудеше. 6 А на секој празник им пушташе по еден затвореник, кого ќе го побараа. 7 Беше во окови наречениот Варава, со своите собунтовници, кои во буната беа извршиле убиство. 8 И народот извика гласно и почна да го бара она, што секогаш им го правел. 9 А Пилат им одговори, велејќи: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?” 10 Зашто знаеше дека првосвештениците Го предадоа од завист. 11 Но првосвештениците го наговорија народот: подобро да им го пушти Варава. 12 А Пилат пак одговори и им рече: „Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Јудејски Цар?” 13 Но тие извикаа повторно: „Распни Го!” 14 Пилат пак им рече: „Какво зло направил?” Но тие извикаа уште посилно: „Распни Го!” 15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат. 16 Војниците Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета. 17 И Му облекоа пурпурна облека; сплетоа венец од трње и го положија на Него. 18 И почнаа да Го поздравуваат: „Здраво, Јудејски Царе!” 19 И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена Му се клањаа. 20 А кога Му се наругаа, ја соблекоа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат. 21 И натераа еден минувач, Симон Киринеец, кој се враќаше од полето, татко Александров и Руфов, да го носи Неговиот крст. 22 И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место На Черепи. 23 И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими. 24 Потоа Го распнаа и ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка за нив - кој што да земе. 25 А беше третиот час, кога Го распнаа. 26 И беше напишан натпис, што ја означуваше Неговата вина: „Јудејски Цар.” 27 И со Него распнаа двајца разбојници; едниот оддесно, а едниот одлево, до Него. 28 И се исполни Писмото кое вели: „И Го вброија меѓу злосторници.” 29 А минувачите Го хулеа, вртејќи со своите глави и велејќи: „Уа! Ти што го уриваш Храмот и го соѕидуваш за три дни, 30 спаси Се Себеси и слези од крстот!” 31 Слично се ругаа првосвештениците, заедно со книжниците, говорејќи еден на друг: „Другите ги спаси, а Себе не може да се спаси! 32 Христос - Израелевиот Цар! Нека слезе сега од крстот, да видиме и да поверуваме!” Го навредуваа и оние, кои беа распнати со Него. 33 А во шестиот час, настана темнина по сета земја, до деветтиот час. 34 А во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Или! Или! Лама Савахтани!”- што значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!” 35 Штом го чуја тоа, некои од оние, кои стоеја таму, рекоа:”Ете, го вика Илија!” 36 И еден отрча и накваси сунѓер во киселина, ја надена на трска и Му даде да пие, велејќи: „Оставете, да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!” 37 А Исус викна со силен глас и издивна. 38 И храмската завеса се расцепи надве, одозгора до долу. 39 А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него, дека така издивна, рече: „Навистина, Овој човек беше Божји Син!” 40 А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија Магдалена, Марија мајка на Јаков малиот и на Јосија и Салома, 41 кои одеа по Него, кога беше во Галилеја, и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим. 42 А кога веќе се свечери, бидејќи беше подготвување, односно ден спроти сабота. 43 Дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото Царство, се осмели и влезе при Пилата и го побара Исусовото тело. 44 А Пилат се зачуди дека веќе починал; и го повика стотникот и го праша дали починал одамна. 45 А штом узна од стотникот, му го даде на Јосифа мртвото тело. 46 Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа, и навали камен пред вратата на гробот. 47 А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде е положен.
1 А кога мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Салома, купија мириси, за да дојдат и да Го помажат. 2 И многу рано, во првиот ден на седмицата, дојдоа на гробот кога изгреваше сонцето. 3 И си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одмести каменот од вратата на гробот?” 4 И кога погледаа, видоа дека каменот е одместен. Имено, беше многу голем. 5 А кога влегоа во гробот, видоа младич во долга бела облека, како седи оддесно и се зачудија. 6 Но тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате распнатиот Исус Назареецот. Воскресна! Не е тука! Еве го местото, каде што Го положија. 7 Туку одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петра; дека ‘Тој отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви рече.’” 8 А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати трепет и страв. И никому ништо не рекоа, зашто се боеја. 9 А кога воскресна рано, во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. 10 Таа отиде и им јави на оние, кои беа со Него - кои тагуваа и плачеа. 11 А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела - не поверуваа. 12 Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа во селото. 13 И тие отидоа и им јавија на другите; но и ним не им поверуваа. 14 Најпосле им се јави и на Единаесетмината, додека беа покрај трпезата, и ги укори заради нивното неверие и закоравеноста на срцето, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. 15 И им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание! 16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. 17 А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; 18 ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат. 19 А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небо и седна оддесно на Бога. 20 А тие излегоа и проповедаа насекаде; а Господ помагаше и го утврдуваа словото со знаци, кои го придружуваа. Амин!
1 Бидејќи мнозина почнаа да ги опишуваат настаните, кои се наполно уверливи меѓу нас, 2 како што ни ги предадоа оние, кои од почеток беа очевидци и служители на Словото, 3 намислив и јас, откако испитав сè подробно од почеток, да ти ги опишам по ред, честити Теофиле, 4 за да ја разбереш вистинитоста на она, во кое што си бил поучуван. 5 Во деновите на јудејскиот цар Ирод, беше еден свештеник, по име Захарија, од Авијановиот род; и неговата жена од Ароновите ќерки, по име Елисавета. 6 Двајцата беа праведни пред Бога, одејќи без недостаток, според сите Господови заповеди и повелби. 7 Немаа дете, зашто Елисавета беше неплодна, а двајцата беа во години. 8 Еднаш кога тој ја вршеше свештената служба пред Бога, по редот на својот чин, 9 според свештеничкиот обичај, му се падна со жрепка да влезе во Господовиот Храм и да покади. 10 А за време на кадењето целото множество на народот се молеше надвор. 11 Тогаш му се јави Господов ангел, стоејќи оддесно на кадилниот жртвеник. 12 Кога го виде, Захарија се збуни и страв го опфати. 13 Но, ангелот му рече: „Не бој се, Захарија! зашто е услишана твојата молитва! Твојата жена Елисавета ќе роди син, кому треба да му го дадеш името Јован. 14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање. 15 Зашто ќе биде голем пред Господа - нема да пие ни вино ни опојни пијалаци; и ќе се наполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка; 16 и многу Израелеви синови ќе ги обрати кон Господа, нивниот Бог. 17 Тој ќе врви пред Него во Илиевиот дух и сила, за да ги обрати срцата на татковците кон децата; а непокорните кон мудроста на праведниците, и да Му приготви на Господа совршени луѓе.” 18 А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е застарена во своите дни!” 19 Ангелот одговори и му рече: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бога и испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја известам оваа радосна вест. 20 И ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот, кога ќе се збидне ова; зашто не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.” 21 А луѓето го чекаа Захарија и се чудеа зошто толку долго се задржа во Храмот. 22 А кога излезе, не можеше да им зборува и тие разбраа дека видел видение во Храмот. И тој им даваше знаци и остана нем. 23 И кога се свршија деновите на неговата служба, се врати во својот дом. 24 А по тие дни, неговата жена Елисавета зачна и се криеше пет месеци и велеше: 25 ”Ова ми стори Господ во деновите кога погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.” 26 А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гавриел во галилејскиот град, по име Назарет, 27 при девица свршена за маж, по име Јосиф, од Давидовиот дом. А името на девицата беше Марија. 28 И кога ангелот дојде при неа и рече: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените!” 29 Таа се уплаши од тој збор и размислуваше: каков поздрав ќе биде тоа? 30 Тогаш ангелот и рече: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога. 31 И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. 32 Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Сèвишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид. 33 И ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај.” 34 А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?” 35 Ангелот одговори и и рече: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Сèвишниот ќе те осени; затоа Светото кое ќе биде родено од тебе - ќе се нарече Божји Син. 36 И ете твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. И тоа е веќе шестиот месец за неа, која ја наречуваат неплодна. 37 Зашто ниеден збор од Бога нема да остане без сила.” 38 Марија му рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според твојот збор!” И ангелот си отиде од неа. 39 Во тие дни, Марија стана и отиде набргу во планинскиот крај, во еден Јудин град. 40 Влезе во куќата на Захарија и ја поздрави Елисавета. 41 И штом Елисавета го чу поздравот од Марија, младенецот и заигра во утробата, а Елисавета се исполни со Светиот Дух. 42 И извика гласно и рече: „Благословена си ти меѓу жените! И благословен е плодот на твојата утроба! 43 И откаде ми е тоа, мајката на мојот Господ да дојде при мене? 44 Зашто, ете, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, младенецот заигра од радост во мојата утроба. 45 И блажена е таа, која поверува дека ќе се исполни она, што Господ и го рекол.” 46 И Марија рече: „Мојата душа Го велича Господа! 47 И мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител, 48 зашто ја погледна смиреноста на Својата слугинка. И ете! Отсега сите родови ќе ме наречуваат блажена, 49 зашто Силниот изврши големи дела за мене и Неговото име е свето, 50 и Неговата милост од род до род, за оние, кои се бојат од Него. 51 Со Својата рака направи силни дела: ги распрсна горделивите во мислите на нивните срца, 52 ги симна владетелите од престолите, а ги воздигна смирените, 53 гладните ги насити со блага, а богатите ги отпушти празни; 54 го прифати Израел, Својот слуга, да си спомни на милоста, 55 како што им рече на нашите татковци - на Авраама и на неговото Семе, довека.” 56 А Марија остана со неа околу три месеци; и се врати во својот дом. 57 А на Елисавета и дојде време да роди, и роди син. 58 И кога нејзините соседи и роднини чуја дека Господ и укажа голема милост, се радуваа со неа. 59 А на осмиот ден дојдоа да го обрежат детето, и го наречуваа Захарија, по името на татка му. 60 Но неговата мајка рече: „Не, туку ќе се нарече Јован!” 61 рекоа: „Нема никој во твојот род, кој се вика така.” 62 И му дадоа знаци на татко му, како би сакал да го наречат. 63 А тој побара штичка и напиша: „Јован му е името.” И сите се зачудија. 64 И веднаш му се отворија устата и јазикот и проговори и Го благословуваше Бога. 65 И страв ги опфати сите нивни соседи. И се говореше за сè тоа по целиот планински крај на Јудеја, 66 и сите, кои чуја, го примија тоа во своите срца, велејќи: „Што ќе биде од ова дете?” Зашто Господовата рака беше со него. 67 А татко му Захарија се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, велејќи: 68 ”Благословен е Господ, Израелевиот Бог, зашто го посети и го искупи Својот народ; 69 и ни издигна рог за спасение во домот на Својот служител Давид; 70 како што вети од стари времиња: преку устата на Своите пророци: 71 Спасение од нашите непријатели и од рацете на сите, кои нè мразат, 72 за да ја пројави милоста над нашите татковци и да се сети на Својот свет Завет, 73 за заклетвата со која му се заколна на нашиот татко Авраам, дека ќе ни даде 74 да Му служиме без страв, избавени од рацете на непријателите; 75 во светост и праведност пред Него, во сите наши дни. 76 А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Сèвишниот, зашто ќе одиш пред Господа, за да Му ги приготвиш Неговите патишта, 77 за да му дадеш на Неговиот народ, да познае спасение преку проштавањето на нивните гревови, 78 преку милостивото срце на нашиот Бог, со кое ќе нè посети Зората од висините, 79 за да ги осветли оние, кои седат во темнина и во смртна сенка, и да ги упати нашите нозе по патот на мирот.” 80 А детето растеше и јакнеше со духот, и беше во пустините до денот кога му се јави на Израел.
1 А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. 2 Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија. 3 И сите одеа за да се запишат, секој во својот град. 4 Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидовиот дом и семејство, 5 да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена. 6 А кога беа таму - и дојде време да роди. 7 И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. 8 А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо. 9 И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу. 10 Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи: 11 зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ. 12 И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!” 13 И одеднаш со ангелот се најде множество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи: 14 ”Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!” 15 А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!” 16 И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Детенцето како лежи во јаслите. 17 А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Детенцето. 18 И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа. 19 А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце. 20 И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено. 21 И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата. 22 И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Мојсеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим, за да Го претстават пред Господа, 23 како што е напишано во Господовиот Закон: „Секое машко, кое се раѓа прво, да Му биде посветено на Господа!”, 24 и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон - две грлици или две гулапчиња. 25 И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него. 26 Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов. 27 И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот, 28 Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече: 29 ”Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор, 30 зашто моите очи го видоа Твоето спасение, 31 кое го приготви пред лицето на сите луѓе, 32 светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.” 33 А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него. 34 И Симеон ги благослови и и рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат, 35 а на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата - за да се откријат мислите на многу срца. 36 Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години, 37 а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напушташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење. 38 И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението. 39 И кога свршија сè според Господовиот Закон - се вратија во Галилеја во својот град Назарет. 40 А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него. 41 И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим на празникот Пасха. 42 Кога му беа пак дванаесет години отидоа, според обичајот во Ерусалим, на празникот. 43 И кога ги поминаа деновите, на враќање дома, Детето Исус остана во Ерусалим, а Неговите родители не знаеја за тоа, 44 туку, мислејќи дека е меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите. 45 И кога не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат. 46 И по три дни Го најдоа во Храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува. 47 А сите кои Го слушаа им се восхитуваа на Неговиот ум и на одговорите. 48 Кога Го видоа се зачудија и мајка Му Му рече: „Чедо, што ни направи така? Гледај! Татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.” 49 Тој им рече: „Зошто Ме баравте? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Татко?” 50 Но тие не го разбраа зборот што им го рече. 51 И слезе со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен. А Неговата мајка ги чуваше сите тие зборови во своето срце. 52 А Исус напредуваше во мудрост, во растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето.
1 А во петнаесеттата година од владеењето на царот Тибериј, кога Понтие Пилат беше управител на Јудеја, и Ирод четворовласник на Галилеја, а неговиот брат Филип четворовласник на Итуреја и Трахонитида, а Лисание - четворовласник на Авилинија; 2 при Ана и Кајафа, првосвештеници, Божјото слово дојде до Јована, синот Захариев, во пустината. 3 И тој одеше по целата страна околу Јордан и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите, 4 како што е напишано во книгата со зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Глас на еден, кој вика во пустината: ‘Пригответе пат за Господа, израмнете ги Неговите патеки! 5 Нека се исполни секоја долина, и секоја гора и секое ритче нека се снизат; кривите ќе станат прави, а нерамните места нека бидат глатки! 6 И секое тело ќе го види Божјото Спасение!’ 7 На множеството пак, кое доаѓаше да биде крстено од него, му велеше: „Змиини породи! Кој ве предупреди од гневот што иде? 8 Донесете плодови достојни за покајание и не зборувајте сега во себеси: ‘Го имаме Авраама за татко!’ Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да му издигне деца на Авраама. 9 А и секирата веќе лежи при коренот на дрвјата. Затоа, секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.” 10 А народот го праша: „Тогаш, што да правиме?” 11 А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној кој нема; и кој има храна нека го прави истото!” 12 Дојдоа и цариниците да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да правиме ние?” 13 Тој им рече: „Не барајте ништо повеќе од она, што ви е определено!” 14 Го прашаа и војниците: „Што да правиме ние?” И им рече: „Не измачувајте никого и не клеветете, и бидете задоволни со своите плати!” 15 А бидејќи луѓето беа во недоумица и сите размислуваа во своите срца за Јована - да не е тој Христос, 16 Јован им одговори на сите: „Јас ве крштавам во вода; но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да го одврзам ременот на Неговите обувки; Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган. 17 Во Неговата рака е лопатата, за да го очисти Своето гумно и за да ја собере пченицата во Својата житница; а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.” 18 И така му го проповедаше Евангелието на народот, напомнувајќи и многу други нешта. 19 А четворовласникот Ирод, кого тој го укори заради Иродијада, сопругата на Филипа, брата му, и заради сите зли дела, што ги направил Ирод, 20 кон сите нив го додаде уште ова: го затвори Јована во темница. 21 Кога се крсти сиот народ - се крсти и Исус и кога се молеше - небото се отвори, 22 и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб, и се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата милина.” 23 А Тој - Исус имаше околу триесет години, кога почна да проповеда и беше - како што мислеа - син Јосифов, Илиев, 24 Мататов, Левиин, Мелхиев, Јанаев, Јосифов, 25 Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нангеев, 26 Матов, Мататиев, Семеинов, Јосифов, Јудин, 27 Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатилов, Нириев, 28 Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров, 29 Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиин, 30 Симеонов, Јудин, Јосифов, Јонанов, Елијакимов, 31 Мелаев, Маинанов, Мататиев, Натанов, Давидов, 32 Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Насанов, 33 Аминададов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин, 34 Јаковов, Исаков, Авраамов Тарин, Нахоров, 35 Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин, 36 Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов, 37 Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов, 38 Еносов, Ситов, Адамов, Божји.
1 А Исус исполнет со Светиот Дух, се врати од Јордан, и Духот Го водеше во пустината 2 четириесет дена, каде беше искушуван од ѓаволот. А во тие дни не јадеше ништо, а кога поминаа тие, Тој огладне. 3 Тогаш ѓаволот Му рече: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.” 4 А Исус му одговори: „Напишано е, дека човекот не ќе живее само со леб.” 5 И го одведе на високо и Му ги покажа, во еден миг, сите царства на светот 6 и Му рече ѓаволот: „Ќе ти ја дадам сета власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена и јас ја давам кому што сакам. 7 И така, ако ми се поклониш, сè ќе биде Твое.” 8 А Исус одговори и му рече: „Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‘Поклонувај Му се на Господа, Твојот Бог, и само Нему служи Му!’ 9 И Го одведе во Ерусалим и Го постави на врвот на Храмот и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се оттука долу, 10 зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, да Те запазат 11 и ќе Те носат на раце, за да не си ја сопнеш Твојата нога на камен.’ 12 Исус одговори и му рече: „Кажано е: ‘Не искушувај Го Господа, Својот Бог.’” 13 И откако го заврши секое искушение, ѓаволот отстапи од Него за некое време. 14 И Исус се врати, во силата на Духот, во Галилеја и гласот за Него се разнесе по целата околина. 15 А Тој поучуваше по нивните синагоги и сите Го прославуваа. 16 И дојде во Назарет, каде што беше пораснал; влезе во саботен ден во синагогата, според Својот обичај, и стана да чита. 17 Му го подадоа книжниот свиток на пророкот Исаија и го одвитка и го најде местото каде што беше напишано: 18 ”Господовиот Дух е на Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце, 19 да им навестам на заробениците, дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените; и да ја навестам благопријатната Господова година.” 20 Го завитка свитокот, му го врати на службеникот и седна, а очите на сите во синагогата беа свртени кон Него. 21 И почна да им зборува: „Денес се исполни ова писмо, во вашите уши. 22 И сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните зборови, што излегуваа од Неговата уста. И велеа: „Не е ли Овој Синот Јосифов?” 23 И им рече: „Секако ќе ми ја кажете пословицава: ‘Лекаре, излечи се сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум.” 24 Тогаш им рече: „ Вистина ви велам, дека ниеден пророк не е примен во својата родина. 25 Вистина ви велам - имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и настана голема глад по целата земја; 26 и при ниедна од нив не беше пратен Илија, а само при жената вдовица во Сидонската Сарепта. 27 Исто имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен освен Сириецот Нааман.” 28 А кога го чуја тоа, сите во синагогата се наполнија со гнев 29 и станаа, и Го истераа од градот, и Го одведоа до стрмнината, на која беше соѕидан нивниот град, за да Го фрлат долу. 30 Но Тој помина меѓу нив и си отиде. 31 И слезе во Капернаум, град во Галилеја. И ги поучуваше во сабота. 32 И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно. 33 А во синагогата имаше човек опфатен од дух на нечист бес; тој извика со силен глас: 34 ”Ех, што имаме ние со Тебе - Исусе Назареецу? Дали дојде да нè упропастиш? Знам, Кој си Ти: Божји Светец.” 35 А Исус го прекоруваше, велејќи: „Молкни и излези од него!” Тогаш бесот го кутна на средина и излезе од него, и ништо не му напакости. 36 И сите се исплашија и си велеа еден на друг: „Какво е тоа слово, да со власт и со сила им заповеда на нечистите духови и излегуваат?” 37 И се разнесе глас за Него по сите околни места. 38 И стана од синагогата, влезе во Симоновиот дом. А Симоновата тешта беше опфатена од силна треска и Го помолија за неа. 39 И се наведна кон неа, и запрети на треската, и таа ја остави, и стана веднаш и им служеше. 40 А кога сонцето зајде, сите, кои имаа болни од разни болести ги доведоа при Него. А Тој ги положи рацете на секого од нив и ги исцели. 41 И лоши духови излегуваа од мнозина и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син.” А Тој ги прекори и не им дозволуваше да зборуваат, зашто знаеја дека Тој е Христос. 42 А кога се раздени, Тој излезе и отиде на пусто место, а народот Го бараше и дојдоа до Него, и сакаа да Го задржат, за да не си отиде од нив. 43 А Тој им рече: „И на другите градови треба да им го проповедам Евангелието за Божјото Царство, зашто Сум испратен за тоа.” 44 И проповедаше по синагогите во земјата Јудејска.
1 Еднаш, додека народот се притискаше кон Него, за да го слуша Божјото Слово, а Тој стоеше при Генисаретското Езеро, 2 виде два кораба покрај брегот. Рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите. 3 Тој влезе во едниот кораб, кој беше Симонов, го замоли да го оддалечи малку од копното. Потоа седна и го поучуваше народот од коработ. 4 А кога прекрати да зборува, му рече на Симона: „Одвеслај кон длабокото и фрлете ги своите мрежи за лов!” 5 Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но на Твој збор, ќе ги фрлам мрежите.” 6 И кога го направија тоа, уловија големо множество риба, така што им се кинеа мрежите. 7 И им дадоа знак на другарите, во другиот кораб, за да дојдат и да им помогнат. И дојдоа и ги наполнија двата кораба, така што почнаа да тонат. 8 Кога Симон Петар го виде тоа, падна пред Исусовите колена и рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!” 9 Зашто се зачудија - тој и сите, кои беа со него, заради ловот на рибите што ги уловија. 10 А исто така и Заведеевите синови, Јован и Јаков, кои беа Симонови другари. А Исус му рече на Симона: „Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!” 11 И ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и отидоа по Него. 12 И кога беше во еден град, ете, човек целиот лепрозен, штом Го виде Исуса падна ничкум и Го замоли, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.” 13 Тогаш ја протегна раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!” И веднаш лепрата падна од него. 14 И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: „Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето очистување, како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!” 15 А гласот за Него сè повеќе се разнесуваше и големо множество народ доаѓаше да Го слуша и да се лечи од своите болести. 16 А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше. 17 И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и законоучителите, кои дојдоа од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму за да ги исцели. 18 И ете, луѓето донесоа на постела фатен човек и гледаа да го внесат и да го положат пред Него. 19 И бидејќи не најдоа од каде да го внесат заради множеството, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосè постела, насредина пред Исуса. 20 Кога ја виде нивната вера, рече: „Човеку, ти се опростуваат гревовите.” 21 Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат, велејќи: „Кој е Овој, Кој хули на Бога? Кој може да ги опростува гревовите освен Единиот Бог?” 22 А Исус, кога ги созна нивните мисли, во одговор им рече: „Зошто размислувате така во своите срца? 23 Што е полесно да се рече: ‘Ти се опростуваат гревовите’ или ‘Стани и оди’! 24 Но, да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да ги опростува гревовите, му рече на фатениот: „Тебе ти велам, стани и дигни го својот одар и оди си во својот дом!” 25 И веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше, и си отиде дома, славејќи Го Бога. 26 И тие сите се зачудија и Го славеа Бога и - исполнети со страв - зборуваа: „Денес видовме чудни нешта!” 27 И потоа излезе и го забележа цариникот по име Левиј, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!” 28 Тој остави сè, стана и тргна по Него. 29 И Левиј му приреди голема гозба во својот дом; имаше и многу цариници и други прилегнати покрај трпезата. 30 А фарисеите и нивните книжници им негодуваа на Неговите ученици, велејќи:” Зошто јадете и пиете со цариниците и грешниците?” 31 Исус одговори и им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. 32 Не дојдов да ги повикам праведните, туку грешниците на покајание.” 33 А тие Му рекоа тогаш: „Јовановите ученици постат често и се молат, така и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?” 34 Исус пак им рече: „Можете ли да ги натерате сватовите да постат додека е младоженецот со нив? 35 Туку ќе дојдат дни кога младоженецот ќе биде грабнат од нив; тогаш ќе постат, во тие дни. 36 А им ја кажа и оваа парабола: „Никој не кине крпа од нова облека, за да ја стави на стара облека; инаку ја кине новата облека, а на старата не и прилега крпа од новата. 37 И никој не налева ново вино во стари мевови; инаку новото вино ќе ги скине мевовите и ќе истече, а мевовите ќе пропаднат. 38 Туку ново вино, треба да се налева во нови мевови, па се запазува и едното и другото. 39 И никој - откако пил старо вино - не сака ново, зашто вели: „Старото е подобро.”
1 Се случи во втората главна сабота, да минува низ посевите, а Неговите ученици кинеа класје, го триеја со рацете и јадеа. 2 А некои од фарисеите рекоа: „Зошто го правите тоа, што не е дозволено да се прави во саботни денови?” 3 Исус одговори и им рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога огладне тој и тие, кои беа со него? 4 И како влезе во Божјиот Дом, ги зеде поставените лебови и јаде, им даде и на оние, кои беа со него, што никому не е дозволено да ги јадат, а само свештениците. 5 И им рече: „Човечкиот Син е Господар и на саботата.” 6 А во една друга сабота влезе во синагогата и поучуваше, а таму имаше и еден човек, чија десна рака беше исушена. 7 А книжниците и фарисеите Го набљудуваа - дали ќе лекува во сабота - за да можат да Го обвинат. 8 А Тој ги знаеше нивните мисли и му рече на човекот со исушената рака: „Стани и исправи се на средина!” И стана и се исправи. 9 А Исус им рече: „Ве прашувам вас: што е дозволено да се прави во сабота: добро или зло? Да се спаси живот или да се погуби?” 10 И ги изгледа сите наоколу и му рече: „Протегни ја раката!” А тој направи така, и раката му стана здрава како другата. 11 А тие се исполнија со безумна јарост и се договараа меѓу себе што би можеле да Му направат на Исуса. 12 Во тие дни се искачи на гората, за да се моли; и ја помина ноќта, молејќи Му се на Бога. 13 А кога се раздени, ги повика Своите ученици и од нив избра Дванаесетмина, кои и ги нарече апостоли: 14 Симон, кого го нарече и Петар, и брата му Андреја; Јакова и Јована; Филипа и Вартоломеја; 15 Матеја и Тома; Јакова Алфеев и Симона, наречен Зилот; 16 Јуда Јаковов и Јуда Искариотски кој стана и предавник. 17 И кога слезе, заедно со нив, и застана на едно рамно место, и множество Негови ученици и множество народ од цела Јудеја и од Ерусалим, од Тирското и Сидонското приморје, 18 кои дојдоа да Го чујат и да се исцелат од своите болести, и оздравуваа и оние, кои беа измачувани од нечисти духови. 19 И целиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите. 20 И Тој ги подигна Своите очи кон Своите ученици и рече: „Блажени сте вие бедните, зашто е ваше Божјото Царство! 21 Блажени сте вие, кои гладувате сега, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои плачете сега, зашто ќе се смеете! 22 Блажени сте кога луѓето ќе ве замразат, и кога ќе ве одделат и ве похулат и го исфрлат вашето име како лошо, заради Човечкиот Син! 23 Радувајте се во тој ден и ликувајте, зашто ете, голема е вашата награда на небото. Зашто нивните татковци им правеа исто така на пророците. 24 Но, горко вам богати, зашто ја примивте својата утеха. 25 Горко вам, кои сте сити сега, зашто ќе гладувате. Горко вам, кои се смеете сега, зашто ќе жалите и ќе плачете. 26 Горко вам, кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас; зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци. 27 Но, на вас - кои слушате - ви велам: „Љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние, кои ве мразат. 28 Благословувајте ги оние, кои ве колнат; молете се за оние, кои ве навредуваат. 29 На оној, кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот; и на тој, кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај ни кошулата. 30 Дај му на секој, кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној, кој зема од тебе. 31 И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним. 32 И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив. 33 И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото. 34 И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку. 35 Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сèвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите. 36 Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив. 37 И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено! 38 Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.” 39 А им кажа и парабола: „Може ли слепец да води слепец? Зар не ќе паднат обајцата во јама? 40 Нема ученик над својот учител, секој кој ќе се усоврши ќе биде како Неговиот учител. 41 А зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око? 42 Како можеш да му речеш на брата си: ‘Брате, остави ме да ја извадам раската од твоето око!’ А сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат! 43 Нема добро дрво што дава гнил плод; ниту гнило дрво што дава добар плод. 44 Зашто секое дрво се познава по својот род. Не се берат смокви од трње, ниту грозје од капина. 45 Добриот човек, од доброто сокровиште на своето срце, изнесува добро; а лошиот човек, од лошото сокровиште изнесува зло, зашто неговата уста зборува од она, што го преполнува неговото срце. 46 И зошто Ме нарекувате: ‘Господи! Господи!’ а не го правите она, што го велам?” 47 Секој кој доаѓа при Мене и ги слуша Моите зборови, и ги исполнува, ќе ви кажам кому му е сличен. 48 Сличен е на човек, кој гради куќа: ископал длабоко и поставил основи на камен, а кога стана наводнение реката се насочи кон куќата, но не можеше да ја помрдне, зашто беше добро изградена. 49 А кој слуша и не исполнува, приличи на човек, кој соѕидал куќа на земја, без основи. Реката се насочи кон неа, и таа се урна веднаш, и паѓањето на таа куќа беше големо.”
1 А кога ги сврши сите Свои зборови, во ушите на народот, влезе во Капернаум. 2 А слугата на еден стотник - кого тој го почитуваше - беше болен на умирање. 3 И кога чу за Исуса, испрати при Него јудејски старешини, за да Го замолат да дојде и да му го излекува слугата. 4 А кога стигнаа при Исуса, Го молеа усрдно, велејќи: „Заслужува да го направиш тоа за него, 5 зашто го љуби нашиот народ. И синагога ни изгради.” 6 Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му речат: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив. 7 Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави! 8 Зашто исто и јас сум човек под власт, и имам потчинети војници; и на едниот му велам: ‘Оди!’ и тој оди; а на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и го прави.” 9 Кога го чу тоа, Исус се зачуди и се заврте кон народот, што врвеше по Него и рече: „Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.” 10 И кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав. 11 Потоа Исус отиде во градот наречен Наин; а со Него одеа Неговите ученици и големо множество. 12 А кога се приближи до градската врата, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица и со неа имаше големо множество од градот. 13 А кога Господ ја виде, се сожали на неа и и рече: „Не плачи!” 14 Тогаш се приближи и го допре носилото - носителите пак застанаа - и рече: „Момче, тебе ти зборувам, стани!” 15 Мртвиот седна и почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му. 16 И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас” и „Бог го посети Својот народ.” 17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина. 18 Му соопштија на Јована за сè тоа неговите ученици. 19 А Јован повика двајца свои ученици и ги испрати при Господа да Го прашаат: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде или да чекаме друг?” 20 Кога овие мажи дојдоа при Него, рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да чекаме друг?” 21 Во тој час исцели мнозина од болести, маки и зли духови, и на мнозина слепци им подари вид. 22 Тогаш ним им одговори: „Одете и раскажете му на Јована што видовте и чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат, лепрозните се очистуваат, глувите прослушуваат, мртвите стануваат и на бедните им се проповеда Евангелието; 23 и блажен е оној, кој не ќе се соблазни во Мене!” 24 А кога Јовановите пратеници си отидоа, почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што ветерот ја лулее? 25 Или, што излеговте да видите? Човек облечен во меки облеки? Ете, луѓето, кои носат сјајни облеки и живеат раскошно, се во царските дворци. 26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам и повеќе од пророк! 27 Тој е оној, за кого е пишано: „Ете, го праќам Мојот Ангел пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе!” 28 Ви велам: меѓу родените од жени никој пророк не е поголем од Јована; но најмалиот во Божјото Царство е поголем од него.” 29 И сиот народ, кој чу - и цариниците - ја признаа Божјата правда, зашто беа крстени со Јовановото крштавање. 30 А фарисеите и закониците го отфрлија она, што Бог сакаше да направи со нив, и не го примија неговото крштавање. 31 А со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? Кому му се слични? 32 Тие се како децата, кои седат по пазариштата и си викаат едни на други: ‘Ви свиревме и не игравте! Ридавме и не плачевте!’ 33 Зашто дојде Јован Крстител, ниту јаде леб, ниту пие вино, а велите: „Бес има!” 34 Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, а велите: „Ете, изедник и пијаница, пријател на цариниците и грешниците! 35 И ја оправдаа мудроста сите нејзини чеда!” 36 Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него. Тој влезе во фарисеевиот дом и прилегна до трпезата. 37 И ете, една жена од градот, која беше грешница, кога научи дека Тој е прилегнат до трпезата во фарисеевата куќа, донесе со себе алабастрен сад со миро, 38 и застана зад Неговите нозе плачејќи и почна да Му ги мие нозете со солзи, да ги брише со својата коса; и ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро. 39 И кога го виде тоа фарисејот, кој Го повика, рече во себеси: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, која се допира до Него: дека е грешница.” 40 А Исус пак му одговори и рече: „Симоне, имам да ти кажам нешто.” А тој: „Учителе, кажи!” 41 Рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавач; едниот му должеше пет стотини динарии, а другиот педесет. 42 А бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на двајцата. И така, кој од нив ќе го возљуби повеќе?” 43 Симон одговори: „Мислам оној кому повеќе му подарил.” А Тој му рече: „ Право пресуди!” 44 И кога се заврте кон жената му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти не ми даде вода за нозе, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги истри. 45 Ти не ми даде целив, а таа откако влегов, не прекратува да Ми ги целива нозете. 46 Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа Ми ги помаза нозете со миро. 47 Затоа, ти велам, простени и се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку се простува - малку љуби.” 48 А нејзе и рече: „Простени ти се гревовите.” 49 А тие, кои беа заедно покрај трпезата, почнаа да зборуваат во себе: „Кој е Овој, Кој и гревови проштава?” 50 А на жената и рече: „Твојата вера те спаси! Оди си со мир!”
1 Потоа, одеше по градовите и селата, проповедувајќи и навестувајќи го Божјото Царство. А со Него беа Дванаесетмината 2 и некои жени, кои беа излечени од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум бесови; 3 и Јоана сопруга на Иродовиот управител Хуза; Сусана и многу други, кои им служеа со своите имоти. 4 Откако се собра големо множество и кога луѓе од сите градови дојдоа при Него, им рече во парабола: 5 ”Излезе сејач да сее свое семе. И додека сееше - едно падна покрај патот, и го изгазија и небесните птици го исколваа. 6 Друго пак падна на камен, изникна и се исуши, зашто немаше влага. 7 Друго падна меѓу трње и трњето - растејќи со него - го задушија. 8 А друго падна на добра земја, изникна и донесе стократен плод.” Кога го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша нека слуша!” 9 А Неговите ученици Го прашаа, што значи оваа парабола? 10 Тој пак им рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Божјото Царство; а на другите им се даваат во параболи, така што: гледајќи да не гледаат и слушајќи да не разбираат. 11 А ова парабола значи: семето е Божјото Слово. 12 Оние крај патот - тие чуле; потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од нивните срца, за да не поверуваат и да не се спасат. 13 На камен се тие, кои - штом чујат - со радост го примаат Словото, но ни тие немаат корен; веруваат некое време, но отпаѓаат во време на искушенија. 14 Паднатото меѓу трње, тоа се оние, кои слушале и кога си отидат ги задушуваат грижите, богатството и животните уживања, и не донесуваат зрел плод. 15 А она на добрата земја - тоа се оние, кои ќе го чујат Словото, го чуваат во добро и чисто срце и донесуваат плод во трпение.” 16 ”Никој - кој запалил светилка - не ја покрива со сад ниту ја става под леглото, туку ја става на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат. 17 Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту скриено, што не ќе се разбере и излезе на видело. 18 И така, внимавајте како слушате! Зашто, кој има, ќе му се даде; кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.” 19 А мајка Му и браќа Му дојдоа при Него, но не можеа да Му се приближат заради множеството. 20 И некој Му јави: „Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат.” 21 А Тој им одговори и рече: „Моја мајка и Мои браќа се оние, кои го слушаат Божјото Слово и го исполнуваат.” 22 А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: „Да минеме на другата страна на езерото!” И отпловија. 23 А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ се наполни со вода, и беа во опасност. 24 И дојдоа и Го разбудија, велејќи: „Учителе, Учителе! Загинуваме!” А Тој се разбуди, им запрети на ветерот и на брановите и се смирија, па настана тишина. 25 А ним им рече: „Каде ви е верата?” А тие, уплашени се чудеа и си рекоа еден на друг: „Кој е Овој што им заповеда на ветровите и на водата, и Му се покоруваат?” 26 И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. 27 А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој имаше зли духови, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите. 28 Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече многу гласно: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те молам, не ме измачувај!” 29 Зашто му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого го опфатил одамна, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа, но тој ги раскинуваше оковите и бесот го гонеше во пустините. 30 Исус го праша: „Како ти е името?” Тој пак рече: „Легион”, зашто многу демони влегле во него. 31 И Го замолија да не им наредува да одат во бездната. 32 А таму по ридот, имаше големо стадо свињи, што пасеа. И демоните Го замолија да им дозволи да влезат во свињите, и им дозволи. 33 И откако излегоа демоните од човекот, влегоа во свињите; и стадото се спушти низ стрмнината во езерото и се удави. 34 А кога пастирите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и во селата. 35 Луѓето пак излегоа да видат што се случи, па дојдоа при Исуса и го најдоа човекот, од кого излегоа нечистите духови, како седи до Исусовите нозе, облечен и умен, и се исплашија. 36 А тие, кои го видоа тоа, им раскажаа како беше спасен бесниот. 37 И целото множество од Гадаринската околина Го замоли да отиде од нив, зашто ги опфати голем страв, Тој пак влезе во коработ и се врати. 38 А човекот, од кого излегоа демоните, Го молеше да остане со Него; но го отпушти, велејќи: 39 ”Врати се во својот дом и раскажувај што ти направи Бог!” И си отиде разгласувајќи по целиот град што му направи Исус. 40 А кога се врати Исус, народот Го прими, зашто сите Го чекаа. 41 И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, и падна пред Исусовите нозе и Го замоли да влезе во Неговата куќа, 42 зашто имаше единствена ќерка, на околу дванаесет години, и таа беше на умирање. И кога одеше, народот се туркаше околу Него. 43 А една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение и која го потроши сиот свој имот по лекарите, а ниеден не можеше да ја излечи, 44 Му пристапи одзади и се допре до работ на Неговата наметка, и веднаш и прекрати нејзиното крвотечение. 45 А Исус рече: „Кој се допре до Мене?” А кога сите одречуваа, Петар рече: „Учителе, многу народ Те турка и притиска.” 46 Исус пак рече: „Некој се допре до Мене, зашто почувствував дека сила излезе од Мене.” 47 А штом жената виде дека не може да се сокрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш. 48 А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир!” 49 Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настојникот и рече: „Ќерка ти умре, не измачувај Го повеќе Учителот!” 50 Штом Исус чу, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена.” 51 А кога дојде во куќата, не му дозволи никому да влезе со Него, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојчето. 52 Сите плачеа и тажеа по неа. Тој пак им рече: „Не плачете, зашто не е умрена, туку спие!” 53 И Му се потсмевнуваа, зашто знаеја дека е умрена. 54 А Тој ја фати нејзината рака и извика: „Дете, стани!” 55 И нејзе и се врати духот, и стана веднаш, и Тој нареди да и дадат да јаде. 56 Нејзините родители се зачудија, а Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што се случило.
1 И ги повика Дванаесетмината и им даде сила и власт, над сите нечисти духови и да лекуваат болни. 2 И ги испрати да го проповедаат Божјото Царство и да исцелуваат болни. 3 И им рече: „Не земајте ништо за пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребреници! Ниту да имате по две облеки. 4 И во која куќа и да влезете, останете и оттаму тргнувајте. 5 И ако некои не ве примат, излезете од нивниот град, истресете го правот од своите нозе, за сведоштво против нив!” 6 Тогаш отидоа и одеа по селата, проповедувајќи го Евангелието и исцелувајќи насекаде. 7 А четворовласникот Ирод чу за сè што се случува и беше во голема неприлика, зашто некои зборуваа дека Јован воскреснал од мртвите; 8 други дека се појавил Илија; трети пак дека станал еден од старите пророци. 9 Ирод рече: „На Јована јас му ја отсеков главата, но Кој е Овој за Кого слушам такви работи?” И бараше да Го види. 10 А кога се вратија апостолите, Му раскажаа сè што направиле. И ги зеде со Себеси и се повлече насамо, спроти градот наречен Витсаида. 11 Но штом народот разбра за тоа, тргна по Него. И Тој ги прими и им зборуваше за Божјото Царство и ги оздравуваше оние, кои имаа потреба од исцелување. 12 А кога денот почна да превалува, Дванаесетте Му пристапија и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди во околните села и селца, за да најде преноќиште и јадење, зашто сме тука во пусто место!” 13 Тој пак им рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие рекоа: „Немаме повеќе од пет леба и две риби; освен ние да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!” 14 Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: „Седнете ги во купчиња по педесет!” 15 И така направија и ги седнаа сите. 16 Тој ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото; ги благослови и ги раскрши и им даваше на учениците, за да ги стават пред народот. 17 И сите јадеа и се наситија, и го кренаа тоа што остана од парчињата - дванаесет кошници. 18 И кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: „Што вели народот, Кој Сум Јас?” 19 Тие пак одговорија: „Едни велат - Јован Крстител, други - Илија, а трети - дека воскреснал некој од старите пророци.” 20 Тогаш им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?” Петар во одговор рече: „Христос Божји!” 21 А Тој строго им заповеда, никому да не го кажуваат тоа; 22 велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старешините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден. 23 И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи! 24 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја изгуби; а кој ја изгуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси. 25 Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се изгуби или се упропасти? 26 Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во Својата слава, и во славата на Таткото и на светите ангели. 27 И вистина ви велам, има некои меѓу овие, што стојат тука, кои нема да ја вкусат смртта, додека не го видат Божјото Царство.” 28 И на околу осум дена по овие зборови, ги зеде со себе Петра, Јована и Јакова и се искачи на гората да се моли. 29 И додека се молеше Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и сјајна. 30 И ете, два човека разговараа со Него; тоа беа Мојсеј и Илија, 31 кои се јавија во слава и говореа за Неговиот излез, што требаше да го заврши во Ерусалим. 32 А сонот ги совлада Петра и неговите другари. А кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи, кои стоеја со Него. 33 И кога тие се разделуваа од Него - Петар Му рече на Исуса: „Учителе, добро е да сме тука; ќе направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден за Илија” - не знаејќи што зборува. 34 И додека тој уште го зборуваше тоа, дојде облак и ги засени и се исплашија, кога влегоа во облакот. 35 А од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот Син, Мојот Избраник! Слушајте Го Него!” 36 Кога гласот екна, Исус се најде Сам. Тие пак молчеа и никому ништо не кажуваа во тие дни, за она што видоа. 37 А на другиот ден, кога слегуваа од гората големо мноштво Го пресретна. 38 И ете, еден човек од народот извика: „Учителе, Те молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец! 39 Ете, духот го фаќа и тој вика одеднаш, и го растргува така, што фрла пена и сотрувајќи го, одвај си оди од него. 40 И ги помолив Твоите ученици, за да го истераат, но не можеа.” 41 Исус пак одговори и рече: „О, роде неверен и расипан, до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го твојот син тука!” 42 И додека му приоѓаше бесот го фрли на земја и почна да го крши; но Исус го прекори на нечистиот дух и го оздрави детето и му го предаде на татко му. 43 И сите се чудеа на Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сè она што направи, Тој им рече на Своите ученици: 44 ”Сложете ги овие зборови во своите уши: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце!” 45 Но тие не го разбраа тој збор, зашто беше сокриен од нив, за да не го разберат, а се плашеа да го прашаат за овој збор. 46 И им дојде мисла - кој од нив ќе биде поголем? 47 А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себеси, 48 и им рече: „Кој го прима ова дете, во Мое име - Мене Ме прима. А кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил; зашто, кој е најмал меѓу сите вас, тој е голем.” 49 А Јован проговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој истерува нечисти духови во Твое име, и му забранивме, зашто не оди со нас.” 50 Исус пак му рече: „Не бранете му - зашто, кој не е против вас - за вас е.” 51 А кога дојде време да се вознесе, Тој го насочи Своето лице да патува за Ерусалим; 52 и испрати гласници пред Своето лице. Тие отидоа и дојдоа во едно самарјанско село - да приготват место за Него. 53 Но не Го примија, зашто лицето Му беше кон Ерусалим. 54 Кога го видоа тоа учениците, Јаков и Јован рекоа: „Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?” 55 А Тој се заврте и ги укори, велејќи: „Вие не знаете од каков дух сте; 56 зашто Човечкиот Син не дојде да погубува човечки души, но да ги спаси.” И отидоа во друго село. 57 И додека одеа по патот, еден му рече: „Ќе Те следам каде и да одиш.” 58 Исус пак му рече: „Лисиците имаат легла и небесните птици - гнезда, а Човечкиот Син нема каде да ја потпре главата.” 59 А на друг му рече: „Врви по Мене!” Но тој рече: „Господи, дозволи ми најнапред да одам и да го погребам татка си.” 60 Му рече: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци. А ти оди и проповедај го Божјото Царство!” 61 Рече и друг: „Јас ќе Те следам, Господи, но дозволи ми прво да се простам со своите домашни!” 62 Исус пак му рече: „Никој, кој ја ставил својата рака на ралото, а погледнува назад, не е достоен за Божјото Царство.”
1 Потоа Господ определи седумдесет и ги испрати, по двајца пред Себе во секој град и во секое место, каде сакаше да отиде; 2 и им рече: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва. 3 Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци. 4 Не носете ни мало торбиче за сребреници, ни торба, ниту обувки и не поздравувајте никого патем! 5 И во која куќа влезете, најнапред речете: „Мир на оваа куќа!” 6 И ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на неа; а ако ли не, ќе се врати при вас. 7 Останете во таа куќа, јадете и пијте што имаат, зашто трудбеникот ја заслужува својата плата. Не преоѓајте од куќа во куќа. 8 И ако влезете во некој град и ве примат, јадете што ќе изнесат пред вас! 9 Исцелувајте ги болните во него и говорете им: „Божјото Царство се приближи до вас!” 10 Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете: 11 ”И правот од вашиот град - што се залепил на нашите нозе - ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото Царство се приближи.” 12 Ви велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град.” 13 ”Горко ти, Хоразине! Горко ти, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени чудата, што се случија во вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќи и во пепел. 14 Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам! 15 И ти Капернауме, зар ќе се издигнеш до небо? Ќе бидеш разурнат до пеколот! 16 Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној, Кој Ме пратил.” 17 А седумдесетте се вратија со радост и рекоа: „Господи, и нечистите духови ни се покоруваат во Твое име.” 18 А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото, како молња! 19 Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости. 20 Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се, дека вашите имиња се запишани на небесата!” 21 Во истиот час се зарадува во Светиот Дух и рече: „Ти благодарам Татко! Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го откри на младенците. Да, Татко, таква беше Твојата волја. 22 Мојот Татко Ми предаде сè! И никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и Кој е Таткото - знае само Синот, и оној кому Синот сака да му открие. 23 ”И кога се обрати посебно кон учениците, рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова, што вие го гледате! 24 Зашто, ви велам дека многу пророци и цареви сакаа да го видат тоа, што вие го гледате, и не видоа; и да го чујат она, што вие го слушате, и не чуја.” 25 И ете, еден учител на Законот стана да Го искушува и Го праша: „Учителе, што треба да правам, за да наследам вечен живот?” 26 А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?” 27 А тој одговори и рече: „Љуби Го Господа, својот Бог - со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси!” 28 Му рече: „Право одговори! Прави го тоа и ќе живееш!” 29 Но тој, сакајќи да се оправда, Го праша Исуса: „А кој е мој ближен?” 30 Исус му одговори и рече: „Еден човек, слегуваше од Ерусалим во Ерихон; и налета на разбојници, кои го соблекоа и го ранија; го оставија полумртов и си отидоа. 31 А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник, и кога го виде, си замина на другата страна. 32 Исто така и еден левит, кога дојде таму и кога го виде - си замина на другата страна. 33 А еден патник Самарјанец дојде до него и кога го виде, се сожали. 34 Му се приближи, му ги полеа раните со масло и вино и му ги преврза; после го качи на своето добиче, го однесе во гостилницата и се погрижи за него. 35 Утредента извади два динарии и му ги даде на гостилничарот и рече: „Погрижи се за него, и ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.” 36 Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној, кој попадна среде разбојниците?” 37 Тој рече: „Оној, кој му укажа милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така.” 38 И кога одеа, влезе во едно село, некоја жена, по име Марта, Го прими во својот дом. 39 А таа имаше сестра, по име Марија, која седна при нозете на Господа и го слушаше Неговото слово. 40 А Марта се трудеше многу да Му служи што подобро. Таа пристапи и рече: „Господи! Зар не Ти е грижа дека мојата сестра ме остави да служам сама? Кажи и да ми помогне!” 41 А Господ и одговори и рече: „Марта! Марта! Ти се грижиш и се вознемируваш за многу нешта; 42 а потребно е едно. Марија го избра добриот дел, што нема да и се одземе.”
1 А кога се молеше на едно место и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нè да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици!” 2 А Тој им рече: „Кога се молите - говорите: „Татко наш, Кој си на небесата, да се свети Твоето име! Да дојде Твоето Царство! Да биде Твојата волја како на небото, така и на земјата! 3 Нашиот насушен леб, давај ни го секој ден! 4 Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој должник! И не нè воведувај во искушение, но избави не од злото!” 5 И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, и му рече: „Пријателе, дај ми на заем три леба, 6 зашто ми дојде пријател од пат, а немам што да ставам пред него!” 7 А оној одвнатре да му одговори: ‘Не ме обеспокојувај, вратата е веќе затворена, а моите деца се со мене во постелата, не можам да станам и да ти дадам,’ 8 ви велам, ако и не би станал да му даде, затоа што му е пријател, ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба. 9 И Јас ви велам: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! 10 Зашто секој, кој моли - прима; и кој бара - наоѓа; а на оној, кој чука - ќе му се отвори. 11 И кој е оној татко, меѓу вас, кој ќе му даде на сина си камен - ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба - змија? 12 Или ако побара јајце - да му даде скорпија? 13 И така, ако вие, кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им даде Свети Дух на оние, кои Го молат?” 14 И еднаш истеруваше лош дух, кој беше нем. А кога нечистиот дух излезе, немиот проговори, а множеството се зачуди. 15 А некои од нив рекоа: „Тој ги изгонува нечистите духови со помош на Велзевул, началникот на бесовите. 16 Другите пак го искушуваа и бараа од Него знак од небото. 17 А Тој ги знаеше нивните мисли и им рече: „Секое царство, ако се раздели во себеси, ќе запусти, и домот против дом - паѓа. 18 И ако сатаната се разделил против себеси, како ќе се одржи неговото царство? Зашто вие велите дека ги изгонувам демоните со помош на Велзевула, 19 И ако Јас, пак, ги изгонувам демоните преку Велзевула, со чија помош ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии. 20 Но ако Јас ги изгонувам нечистите духови со Божјиот прст, значи дека Божјото Царство дошло при вас. 21 Кога силниот, вооружен човек, го чува својот двор, неговиот имот е во сигурност. 22 Но кога ќе дојде посилен од него и го совлада, му го одзема оружјето, на кое се надевал, и ќе го раздели ограбеното од него. 23 Кој не е со Мене, тој е против Мене и кој не собира со Мене, тој растура! 24 Кога нечист дух ќе излезе од човекот, тој скита по безводни места и бара спокојство. И кога не ќе го најде, вели: ‘Ќе се вратам во својот дом, од каде излегов.’ 25 И кога ќе дојде, го наоѓа изметен и среден. 26 Тогаш оди и зема седум други демони, полоши од себе, па кога ќе влезат - живеат таму и последната состојба на оној човек станува полоша од првата.” 27 А кога го зборуваше тоа, една жена од множеството извика: „Блажена е утробата, која Те носела; и градите од кои си се хранел.” 28 А Тој рече: „Уште повеќе се блажени оние, кои го слушаат Божјото слово и го пазат.” 29 А кога народот се собираше, почна да зборува: „Ова поколение е лошо поколение; бара знак, но нема да му биде даден, освен знакот на Јона. 30 Имено, како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Човечкиот Син ќе биде за овој род. 31 Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука е поголем од Соломона! 32 Ниневијците ќе се јават на суд со овој род и ќе го осудат, зашто се покајаа од Јонината проповед, а ете, тука е поголем од Јона! 33 Никој не става запалено светило во сокриено место или под вршник, туку на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат. 34 Светило на телото е твоето око. Ако твоето око е бистро - целото твое тело е осветлено; ако пак е зло, во мрак е и твоето тело. 35 Затоа внимавај светлината што е во тебе - да не биде темнина! 36 Ако целото твое тело е осветлено, без да има темен дел, тоа ќе биде целото осветлено, како кога светилката те осветлува со своето светење.” 37 И додека Тој зборуваше, еден фарисеј Го помоли да руча кај него; Тој влезе и седна. 38 А штом фарисејот го виде тоа, се зачуди зашто Тој не се изми пред јадење. 39 А Господ му рече: „Да, вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и лукавство. 40 Неразумници! Зар Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде и внатрешноста? 41 Туку, дајте го како милостина тоа што е внатре, и ете, сè ќе ви биде чисто. 42 Но, горко ви вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате праведноста и Божјата љубов! Ова требаше да го правите, а она, да не го оставате. 43 Горко ви вам, фарисеи, зашто ги сакате првите седишта во синагогите и поздравите по пазарите. 44 Горко ви вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, така што луѓето кои одат преку нив, не знаат.” 45 Тогаш еден законоучител Му одговори и рече: „Учителе, кога го зборуваш тоа, и нас нè навредуваш.” 46 Тој пак им рече: „Горко ви вам - законици, зашто ги натоварувате луѓето со бремиња, што тешко се носат, а вие самите ни со еден прст не се допирате до бремињата. 47 Горко ви вам, зашто им градите надгробни споменици на пророците, а вашите татковци ги убија! 48 И така вие сведочите за делата на своите татковци и се согласувате со нив; зашто тие и ги убија, а вие им градите гробници. 49 Затоа и Божјата мудрост рече: „Ќе им испратам пророци и апостоли и ќе убијат едни од нив, а други ќе гонат, 50 за да се побара од ова поколение крвта на сите пророци пролеана од создавањето на светот: 51 од крвта на Авела до крвта на Захарија, кој загина меѓу жртвеникот и светилиштето. Да, ви велам, ќе се бара од ова поколение. 52 Горко ви вам, законици, зашто го зедовте клучот од знаењето - сами не влеговте, а им попречивте на оние, кои сакаа да влезат.” 53 А кога излезе оттаму, книжниците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го испитуваат за многу нешта, 54 дебнејќи Го за да уловат нешто од Неговата уста.
1 Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие! 2 Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае! 3 Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите. 4 А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат! 5 Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него! 6 Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено пред Бога. 7 А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња. 8 И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели; 9 а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели. 10 На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости. 11 И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете, 12 зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете! 13 Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!” 14 А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?” 15 И им рече: „Внимавајте и чувајте се од секое користољубие, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!” 16 И им кажа и парабола, велејќи: „Нивата на еден богат човек роди многу плод. 17 И размислуваше во себеси вака: ‘Што да правам, зашто немам каде да ги соберам своите плодови?’ 18 И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра. 19 Тогаш ќе и речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почивај, јади, пиј и уживај!’ 20 Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’ 21 Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.” 22 Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете; 23 зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката. 24 Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците! 25 А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст? 26 И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото? 27 Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив. 28 Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни? 29 И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи! 30 Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно. 31 Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде! 32 Не бој се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде Царството. 33 Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби, што не изветвуваат: неисцрпно сокровиште на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува, 34 зашто каде е вашето сокровиште, таму ќе биде и вашето срце.” 35 Нека ви биде препашан крстот, а светилките запалени! 36 А вие бидете слични на луѓе, кои го чекаат својот господар, кога се враќа од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука. 37 Блажени се оние слуги, кои господарот ќе ги најде будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, дека ќе се препаше, ќе ги прилегне до трпезата и ќе дојде да им служи. 38 И ако дојде во втората или третата стража и ги најде така, блазе им ним. 39 Но, знајте го ова: кога домаќинот би знаел во кој час ќе дојде крадецот, не би дозволил да му ја поткопа куќата. 40 Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, во кој не мислите!” 41 А тогаш Петар рече: „Господи, нам ли ни ја кажуваш оваа приказна или на сите?” 42 А Господ рече: „Имено, кој е оној верен и разумен домоуправител, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време? 43 Блажен е оној слуга, кога господарот - кога дојде - ќе го најде да работи така! 44 Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот. 45 Но ако оној слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар нема да дојде скоро,’ па почне да ги бие момчињата и момичињата, да јаде, да пие и да се пијани; 46 господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога не го очекува, и во час, што не го знае, и ќе го расече и ќе ја одреди неговата судбина со неверните. 47 А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, и не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу биен. 48 А оној, кој не знаел, а направил нешто што заслужува биење, ќе биде малку биен. Од секој - кому му е дадено многу - ќе се бара многу; и кому му е поверено многу, од него ќе се бара повеќе.” 49 ”Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален! 50 Но треба да се крстам со крштавање, и колку ми е тешко додека не се изврши. 51 Мислите ли дека дојдов да и донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор, 52 зашто отсега петмина, во една куќа, ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца; 53 ќе се разделат: таткото против синот, и синот против таткото; мајката против ќерката, и ќерката против мајката; свекрвата против својата снаа, и снаата против свекрвата.” 54 А на народот му рече: „Кога гледате дека се дига облак од запад веднаш велите: ‘Доаѓа дожд’ - и така бива. 55 И кога гледате дека дува јужниот ветер, велите: ‘Ќе биде жега’- и бива. 56 Лицемери! Умеете да го протолкувате лицето на небото и земјата; како тогаш не го препознавате ова време? 57 А зошто сами од себе не судите што е право? 58 Зашто, кога одиш со својот противник кај главатарот, погрижи се уште патем да се ослободиш од него, за да не те предаде пред судијата, а судијата да те предаде на судскиот служител, а служителот да те фрли во темница. 59 Ти велам, нема да излезеш оттаму, додека не ја дадеш и последната лепта.”
1 Во исто време дојдоа некои и Го известија за Галилејците, чија крв Пилат ја измеша со нивните жртви. 2 Тој одговори и им рече: „Мислите ли дека тие Галилејци беа повеќе грешни од сите други Галилејци, зашто настрадаа така? 3 Не, ви велам, но ако не се покаете, сите ќе загинете така. 4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа повиновни од сите луѓе, кои живеат во Ерусалим? 5 Не, ви велам! Но ако не се покаете, сите ќе загинете така.” 6 Ја кажа и оваа парабола: „Некој имаше посадено смоква во своето лозје; и дојде да побара плод на неа, но не најде. 7 Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, но не наоѓам. Пресечи ја! Зошто уште да ја испостува земјата?” 8 Но тој му одговори и рече: „Господаре, остави ја уште оваа година, додека раскопам околу неа и ја наѓубрам; 9 па можеби ќе роди, ако пак не роди, ќе ја пресечеш во иднина.” 10 А кога поучуваше во сабота, во една синагога, 11 ете, таму беше една жена, која осумнаесет години имаше дух, предизвикувач на болеста; и беше згрчена и не можеше да се исправи. 12 Штом Исус ја виде, ја повика и и рече: „Жено, ослободена си од својата болест.” 13 И ги стави рацете врз неа, а таа се исправи веднаш и Го славеше Бога. 14 А настојникот на синагогата негодуваше, дека Исус исцели во сабота и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи! Во тие дни доаѓајте и лекувајте се! А не во саботен ден!” 15 Но Господ во одговор му рече: „Лицемери! Не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? 16 А оваа Авраамова ќерка, која сатаната ја врзал веќе осумнаесет години; не требаше ли да биде одврзана од оваа врска во саботен ден?” 17 А кога го рече тоа, се засрамија сите Негови противници; а целиот народ им се радуваше на сите славни дела, што ги изврши. 18 Потоа рече: „На што е слично Божјото Царство и со што да го споредам? 19 Слично е на синапово зрно, што човек го зема и го посејува во својата градина, каде израснува и станува големо дрво и небесните птици се населија на неговите гранки.” 20 И пак рече: „Со што да го споредам Божјото Царство? 21 Тоа е слично на квасот, што го зема жена и го замесува во три мери брашно, додека скисне сето.” 22 И патувајќи кон Ерусалим, минуваше низ градови и села и поучуваше. 23 А некој му рече: „Господи, малку ли се оние, кои се спасуваат?” Тој пак им рече: 24 ”Борете се да влезете низ тесната врата, зашто ви велам: мнозина ќе настојуваат да влезат, но не ќе можат. 25 Кога домаќинот ќе стане и ќе ја затвори вратата, а ако вие останете надвор и почнете да чукате на вратата и да говорите: „Господи, отвори ни!” Тој ќе ви одговори: „Не знам од каде сте!” 26 Тогаш ќе почнете да зборувате: „Јадевме и пиевме пред Тебе; а Ти поучуваше по нашите улици.” 27 А Тој ќе ви рече: „Ви велам, не знам од каде сте? Отстапете од Мене сите, кои вршите неправда!” 28 Таму ќе биде плач и чкртање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исака и Јакова и сите пророци во Божјото Царство, а себеси - истерани надвор. 29 И ќе дојдат од исток и запад, од север и југ, и ќе седнат во Божјото Царство. 30 И ете, има последни, кои ќе бидат први; и има први, кои ќе бидат последни.” 31 И во истиот час пристапија некои фарисеи и Му рекоа: „Излези и оди си оттука, зашто Ирод сака да Те убие!” 32 И им рече: „Одете и кажете и на таа лисица: „Еве изгонувам зли духови и исцелувам денес и утре; и на третиот ден ќе завршам. 33 Но денес, утре и задутре, треба да патувам, зашто не бива пророк да загине надвор од Ерусалим.” 34 ”Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги погубуваш оние, кои се испратени при тебе; колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како квачката своите пилиња под крилја, но не сакавте! 35 Ете, ви се остава пуст вашиот дом. И ви велам: нема да Ме видите додека не дојде време да кажете: „Благословен е Оној Кој доаѓа во Господово име!”
1 Кога еднаш во саботен ден влезе во куќата на некој фарисејски старешина, за да јаде леб, тие Го набљудуваа Него. 2 И ете, пред Него беше еден човек, кој страдаше од водена болест. 3 И Исус проговори и им рече на закониците и фарисеите: „Дозволено ли е да се лекува во сабота или не?” 4 А тие молчеа. И го допре, го излечи и го отпушти. 5 А ним им рече: „Кој од вас, кога ќе му падне синот или волот во кладенец, не ќе го извади веднаш во сабота?” 6 И не можеа ништо да Му одговорат на тоа. 7 А на гостите им кажа парабола, кога забележа како ги избраа првите места и им рече: 8 ”Кога ќе те повика некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не повика случајно некој, кој е поугледен од тебе, 9 и за да не ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал тебе, и него: ‘Отстапи му го местото на овој!’ И тогаш ќе треба засрамен да го заземеш последното место. 10 Но, кога ќе те повикаат, оди и седни на последното место, за да ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал: ‘Пријателе, премести се погоре!’ Тогаш ќе имаш чест пред сите, кои се со тебе покрај трпезата. 11 Зашто, секој кој се возвишува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде возвишен.” 12 Му рече и на оној, кој Го повика: „Кога даваш ручек или вечера, не повикувај ги своите пријатели, ни твоите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те повикаат и тие и да ти биде вратено. 13 Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите! 14 И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде вратено при воскресението на праведниците.” 15 Кога го чу тоа еден од гостите, Му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во Божјото Царство!” 16 Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и повика мнозина. 17 А кога беше време за вечера, го испрати својот слуга да им рече на повиканите: ‘Дојдете, зашто веќе сè е готово!’ 18 И сите, како договорени, почнаа да се извинуваат. Првиот рече: ‘Купив нива и треба да отидам да ја видам. Те молам, извини ме!’ 19 Другиот му рече: ‘Купив пет двојки волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’ 20 И третиот рече: ‘Се оженив, затоа не можам да дојдам!’ 21 И слугата дојде и му го кажа тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на својот слуга: ‘Излези бргу на раскрсниците и градските улици и доведи ги ваму бедните, сакатите, слепите и хромите!’ 22 И слугата му рече: ‘Господаре, направено е како што заповеда, но уште има место.’ 23 И господарот му рече на слугата: ‘Излези по патиштата и по оградите и натерај ги да дојдат, за да се наполни мојот дом. 24 Зашто ви велам: ниеден од повиканите нема да вкуси од мојата вечера.’” 25 А кога големо множество одеше со него, Тој се заврти и им рече: 26 ”Ако некој дојде при Мене, а не ги намрази: татка си и мајка си, и жена си, и децата, и браќата и сестрите, па и својата сопствена душа, не може да биде Мој ученик. 27 Кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик. 28 Зашто, кој од вас, кога сака да изгради кула, не ќе седне прво да ги пресмета трошоците, дали има со што да ја доврши? 29 И, кога ќе ја постави основата, а не може да доврши, сите - кои гледаат - да почнат да му се потсмеваат, велејќи: 30 ’Овој човек почна да гради, а не можеше да доврши!’ 31 ”Или, кој цар, кога оди на војна против друг цар, прво не ќе седне да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној, кој иде против него со дваесет илјади? 32 Ако не може, испраќа пратеници додека е оној уште далеку и ќе моли за мир. 33 Имено така, ако некој од вас не се одрече од сè што има, не може да биде Мој ученик. 34 Солта е добра; но ако солта облутави, со што ќе се поправи? 35 Ниту е за земјата, ниту за ѓубрето, ја исфрлаат надвор. Кој има уши да слуша - нека слуша.”
1 Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат. 2 А фарисеите и книжниците пак негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.” 3 Тогаш им ја кажа оваа парабола: 4 ”Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе отиде по загубената, додека не ја најде. 5 А кога ќе ја најде, ќе ја крене, радувајќи се, на своите рамена 6 и кога ќе дојде дома ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!’ 7 Ви велам: така ќе биде на небото, поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.” 8 ”Или која жена, ако има десет драхми и изгуби една драхма, нема да запали светилка, и не ја мете куќата, и не ја бара внимателно, додека не ја најде? 9 А кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата, што ја изгубив!’ 10 Така, ви велам, се радуваат Божјите ангели, заради еден грешник, кој се кае.” 11 И рече: „Некој човек имаше два сина. 12 И помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!’ И тој им го раздели имотот. 13 А по неколку дена помладиот син собра сè свое и отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно. 14 Кога потроши сè, настана голема глад во онаа земја, и тој се најде во скудност. 15 И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите. 16 И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. 17 А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука! 18 Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе; 19 не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’ 20 И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше. 21 А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’ 22 Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете. 23 Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, 24 зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен - и се најде.’ И почнаа да се веселат. 25 А неговиот постар син беше во полето. Кога пак доаѓаше и и се приближи на куќата, чу песна и играње; 26 па повика еден од слугите и го праша што е тоа. 27 А тој му рече: ‘Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, зашто го прими здрав.’ 28 Тој се налути и не сакаше да влезе; а неговиот татко излезе и почна да го моли. 29 А тој му одговори на татка си: ‘Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели. 30 А кога дојде овој твој син, кој го растури твојот имот со блудници, му закла згоено теле!’ 31 Тој пак му рече: ‘Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое - е твое; 32 но требаше да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе; беше изгубен и се најде.’”
1 А на Своите ученици им зборуваше: „Беше еден богат човек, кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот. 2 И тој го повика и му рече: ‘Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување! Не можеш веќе да бидеш настојник!’ 3 А настојникот си рече во себеси: ‘Што да правам, зашто господарот ми го одзеде настојништвото? Да копам? Не можам! Да просам? Се срамам! 4 Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.’ 5 И ги повика должниците на својот господар - секого поодделно - и му рече на првиот: ‘Колку му должиш на мојот господар?’ 6 А тој рече: ‘Сто мери масло.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата, седни веднаш и напиши - педесет!’ 7 Потоа му рече на другиот: ‘А ти, колку должиш?’ Тој рече: ‘Сто мери пченица.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата и напиши - осумдесет!’ 8 И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапи мудро; зашто синовите на овој свет, според својот род, се помудри од синовите на светлината. 9 И Јас ви велам: спечалете си пријатели со неправедно богатство, за да ве примат во вечни живеалишта, кога ќе приврши. 10 Кој е верен во најмалото - верен е и во многу; а несправедливиот во најмалото, несправедлив е и во многу. 11 И така, ако не бевте верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското? 12 И ако не бевте верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е ваше? 13 Ниеден слуга не може да им служи на два господара; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите на Бога и на мамона!” 14 А сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа. 15 И им рече: „Вие се претставувате за праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто она што меѓу луѓето се смета за високо, пред Бога е гнасно.” 16 ”Законот и Пророците беа до Јована. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото Царство, и секој насила влегува во него. 17 Полесно е небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот. 18 Секој кој ја остава својата жена и се жени со друга, прави прељуба; и кој се жени со оставена - прељубодејствува.” 19 ”А беше еден богат човек, кој се облекуваше во црвено сукно и во ленено платно и се веселеше сјајно секој ден. 20 А еден сиромав, по име Лазар, целиот со чирови, лежеше пред неговата врата 21 и сакаше да се насити со она, што паѓаше од столот на богатиот. И кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните. 22 И сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовото крило; 23 умре и богатиот и го погребаа. А во пеколот, во маката, ги поткрена своите очи и го виде оддалеку Авраама и Лазара во неговото крило, 24 и извика: ‘Татко, Аврааме, смили ми се и испрати го Лазара да го накваси врвот на својот прст во вода, за да ми го разлади јазикот, зашто се измачувам многу во овој пламен!’ 25 Авраам му рече: ‘Синко, сети се дека ти ги прими своите блага додека беше жив, а Лазар - злото! Сега тој се утешува тука, а ти се измачуваш. 26 Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, така што ни оние кои би сакале да преминат оттука при вас - не можат; ниту пак да преминат оттаму при нас.’ 27 А тој рече: ‘Тогаш, те молам, татко, испрати го во куќата на татка ми; 28 зашто имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маки!’ 29 А Авраам рече: ‘Ги имаат Мојсеја и Пророците, нека ги слушаат нив!’ 30 Тој пак рече: ‘Не, татко, Аврааме! Но ако некој од мртвите отиде при нив, ќе се покајат.’ 31 Му рече: ‘Ако не ги слушаат Мојсеја и Пророците, нема да ги придобие ни оној, кој воскреснал од мртвите.’”
1 И им рече на Своите ученици: „Не е можно да не дојдат соблазни, но горко на оној, преку кого доаѓаат! 2 Подобро би било за него да му биде обесен мелнички камен на вратот и да го фрлат во морето, отколку да соблазни еден од маливе. 3 Внимавајте на себе! Ако ти згреши твојот брат, укори го и прости му, ако се покае. 4 Ако и седумпати на ден, згреши против тебе и седумпати се обрати кон тебе и рече: ‘Се кајам!’- прости му!” 5 Апостолите Му рекоа на Господа: „Придај ни вера!” 6 А Господ рече: „Ако навистина имате вера колку синаповото зрно - ќе и речете на црницава: „Откорни се и пресади се во морето!” И таа би ве послушала.” 7 ”Кој од вас - ако има слуга - кој ора или го чува стадото, ќе му рече, кога ќе се врати од поле: „Дојди бргу и прилегни покрај трпезава!” 8 Нема ли да му каже: ‘Приготви ми нешто за вечера и препаши се, за да ми служиш додека јадам и пијам, а потоа и ти јади и пиј!’ 9 Зар ќе му благодари на слугата, што ја исполнил заповедта? 10 Така и вие, кога исполнивте сè што ви е заповедано, речете: ‘Ние сме неполезни слуги; зашто го извршивме она, што бевме должни да го извршиме.’” 11 И кога одеше за Ерусалим, поминуваше меѓу Самарија и Галилеја. 12 И кога влегуваше во едно село, го сретнаа десет лепрозни мажи, кои застанаа подалеку 13 и го поткренаа гласот, велејќи: „Исусе, Учителе, смилувај ни се!” 14 А кога ги виде, им рече: „Одете и покажете им се на свештениците!” И се очистија додека одеа. 15 А еден од нив, кога виде дека оздравел, се врати славејќи Го Бога гласно. 16 И падна на лице при Неговите нозе и Му благодари. А тој беше Самарјанец. 17 Тогаш Исус одговори и рече: „Зар не се очистија десетмина? Каде се уште деветте? 18 Не најдоа ли да се вратат и да Му благодарат на Бога, освен овој туѓинец!” 19 И му рече: „Стани и оди си, твојата вера те спаси!” 20 А кога фарисеите Го прашаа: „Кога ќе дојде Божјото Царство?” Тој им одговори и рече: „Божјото Царство не доаѓа така, за да може да се види; 21 ниту ќе се рече: ‘Еве го тука, или онаму!’ - зашто, ете, Божјото Царство е во вашата средина. 22 А на учениците им рече: „Ќе дојдат дни, кога ќе посакате да видите само еден ден од деновите на Човечкиот Син, и не ќе го видите. 23 И ќе ви зборуваат: ‘Еве Го тука!’ или ‘Ене Го онаму!’ Не одете таму и не трчајте по нив! 24 Зашто како што молњата, која светнува - од едниот крај под небото - и го осветлува другиот крај, така ќе биде Човечкиот Син во Својот Ден. 25 Но, прво Тој треба да претрпи многу и да биде отфрлен од ова поколение. 26 И како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Човечкиот Син: 27 јадеја, пиеја, се женеа и се мажеа, сè до денот кога Ное влезе во Ковчегот; и дојде потопот и ги уништи сите. 28 Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; 29 а во денот кога Лот излезе од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги уништи сите. 30 Исто така ќе биде во оној Ден, кога ќе се јави Човечкиот Син. 31 Во тој Ден, кој ќе биде на покривот, а неговата покуќнина е во домот, нека не слегува да ја земе! Исто така, кој ќе биде во полето, нека не се враќа кон останатите работи. 32 Спомнете си за Лотовата жена. 33 Кој сака да ја запази својата душа, ќе ја изгуби; а кој ќе ја изгуби, ќе ја запази. 34 Ви велам - во таа ноќ, двајца ќе бидат во една постела, едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен. 35 Две жени ќе мелат заедно, едната ќе биде однесена, а другата ќе биде оставена. 36 Двајца ќе бидат на нива, едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен.” 37 Тогаш проговорија и Му рекоа: „Каде Господи?” А Тој им рече: „Каде е трупот, таму ќе се собираат и орлите!”
1 А им кажа парабола како треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат. 2 И рече: „Во еден град беше некој судија, кој не се боеше од Бога, и не се грижеше за луѓето. 3 А во истиот град имаше и една вдовица, која доаѓаше при него и му се молеше: ‘Заштити ме од мојот противник!’ 4 Тој нејќеше некое време; после си рече во себеси: ‘Иако не се бојам од Бога, ниту се грижам за луѓето; 5 ќе и го дадам правото на оваа вдовица, зашто ми додева, за на крај да не дојде и да ме нападне.’” 6 И Господ рече: „Чујте, што зборува неправедниот судија!” 7 Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, кои викаат кон Него, дење и ноќе, имајќи трпение со нив? 8 Ви велам, ќе ги одбрани скоро. Но, кога ќе дојде Човечкиот Син, ќе најде ли вера на земјата?” 9 А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: 10 ”Два човека влегоа во Храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник. 11 Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник; 12 постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’ 13 А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’ 14 Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.” 15 Му донесуваа и мали деца, за да ги допре; а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа. 16 Но Исус ги повика и рече: „Оставете ги дечињата да доаѓаат при Мене и не пречете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство! 17 Вистина ви велам, кој не го прими Божјото Царство како дете, тој никако нема да влезе во него.” 18 И еден началник го праша, велејќи: „Учителе добар, што треба да направам за да наследам вечен живот?” 19 А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог. 20 Ги знаеш заповедите: „Не прељубодејствувај! Не убивај! Не кради! Не сведочи лажно! Почитувај ги татка си и мајка си!” 21 Тој пак рече: „Сето тоа го запазив од мојата младост!” 22 А кога Исус го чу тоа, му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш, и раздај го на бедните и ќе имаш сокровиште на небесата! Тогаш, дојди и следи Ме!” 23 Кога го чу тоа се нажали мошне, зашто беше многу богат. 24 А кога Исус го виде таков, рече: „Колку тешко ќе влезат во Божјото Царство, оние, кои имаат богатство. 25 Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото Царство.” 26 А оние, кои чуја, рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?” 27 Тој пак рече: „Што им е невозможно на луѓето, тоа е можно на Бога.” 28 А Петар рече: „Ете, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!” 29 Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој што заради Божјото Царство оставил: куќа или жена или браќа, или родители или деца, 30 а кој не ќе прими многу повеќе во ова време, а во идниот век - вечен живот.” 31 И кога ги зеде со Себе Дванаесетте им рече: „Еве, одиме горе во Ерусалим; и ќе се исполни сè што пишувале пророците за Човечкиот Син, 32 зашто ќе биде предаден на многубошците, и ќе Му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан; 33 и кога ќе Го бичуваат, ќе Го убијат, но ќе воскресне на третиот ден.” 34 Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто тој збор беше сокриен од нив и не разбраа, што им беше речено. 35 А кога се приближи до Ерихон, некој слепец седеше покрај патот и просеше. 36 А кога чу дека поминува народ, праша што е тоа? 37 И му рекоа дека минува Исус Назареецот, 38 и тој извика, велејќи: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!” 39 А оние, кои одеа напред, го прекоруваа за да молчи. Но тој викаше уште повеќе: „Исусе, Давидов Сине, смилувај ми се!” 40 И Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога се приближи го праша: 41 ”Што сакаш да ти сторам?” А тој рече: „Господи - да прогледам!” 42 Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те спаси.” 43 И тој прогледа веднаш и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сите луѓе, кои го видоа тоа, Му воздадоа слава на Бога.
1 И кога влезе во Ерихон, минуваше низ градот. 2 И ете, некој човек, по име Закхеј, кој беше началник на цариниците и богат, 3 сакаше да Го види Исуса, Кој е, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст. 4 И истрча напред, се качи на дива смоква за да Го види, зашто требаше да мине покрај неа. 5 И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закхеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!” 6 И слезе веднаш и Го прими на гости со радост. 7 А сите, кои го видоа тоа, почнаа да негодуваат и да зборуваат: „Дојде во куќа на грешен човек, да почине!” 8 Закхеј стана и Му рече на Господа: „Еве, Господи, половината од својот имот ќе ја дадам на сиромасите; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе вратам четворно.” 9 А Исус му рече: „Денес му дојде спасението на овој дом, зашто и тој е Авраамов син. 10 Зашто Човечкиот Син дојде да го бара и да го спаси изгубеното.” 11 И кога тие го слушаа тоа, им кажа една парабола, зашто беа близу до Ерусалим, а тие мислеа дека Божјото Царство ќе се појави веднаш. 12 И рече: „Некој благородник замина во далечна земја, за да прими царство за себе и да се врати. 13 Откако ги повика своите десет слуги, им даде десет сребреници и им рече: „Тргувајте додека се вратам!” 14 Но неговите граѓани го мразеа и испратија по него пратеници да кажат: „Нејќеме тој да царува над нас.” 15 А кога се врати, по примањето на царството - заповеда да му ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види кој колку спечалил. 16 Така, првиот дојде и рече: ‘Господару, твојот сребреник донесе десет сребреници.’ 17 И му рече: ‘Убаво, добар слуго, зашто беше верен во нешто сосем мало, имај власт над десет градови.’ 18 Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, донесе пет сребреници.’ 19 Му рече и на овој: ‘И ти биди над пет градови!’ 20 Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, што го чував во крпче, 21 зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш што не си оставил и жнееш што не си посеал!’ 22 Му рече: ‘Зол слуго, ќе ти судам според твоите зборови. Знаеше дека сум строг човек, дека земам што не сум оставил и дека жнеам што не сум посеал; 23 зашто тогаш не ги вложи моите сребреници при трговците, и јас по доаѓањето ќе ги примев со добивка?’ 24 А на оние, кои беа присутни им рече: ‘Одземете му го сребреникот и дајте му го на оној, кој има десет!’ 25 Тогаш му рекоа: ‘Господаре, тој има десет!’ 26 Ви велам, дека ќе му се даде на секој, кој има; а на оној, кој нема ќе му се одземе и она што има. 27 А оние мои непријатели, кои не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука и исечете ги пред мене!” 28 А кога го рече тоа, тргна натаму, одејќи горе во Ерусалим. 29 И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Маслинова, испрати два ученика 30 и им рече: „Одете во селоно, што е спроти вас! И кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано осле, на кое никој од луѓето никогаш не седнал; и одврзете го и доведете го. 31 И ако некој ве праша: ‘Зошто го одврзавте?’ - речете му вака: ‘На Господа Му е потребно.’ 32 А испратените отидоа и најдоа како што им рече; 33 и кога го одврзуваа ослето, неговите стопани им рекоа: „Зошто го одврзувате ослето?” 34 А тие рекоа: „На Господа Му е потребно!” 35 И го доведоа пред Исуса и ги ставија врз ослето своите облеки, и Го кренаа Исуса. 36 А кога одеше, ги постилаа своите облеки по патот. 37 И кога веќе наближуваше до стрмнината на Маслиновата Гора, целото множество ученици почна радосно и гласно да Го прославува Бога, за сите чудеса што ги видоа, 38 велејќи: „Благословен е Царот, Кој доаѓа во Господово име! Мир на небото и слава на висините!” 39 А некои од фарисеите, меѓу народот, Му рекоа: „Учителе, забрани им на Твоите ученици!” 40 Тој одговори: „Ви велам, ако овие замолчат, камењата ќе викаат.” 41 А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и 42 рече: „Кога и ти би узнал, дури барем во овој твој ден, што е за твојот мир! Но сега е сокриено од твоите очи. 43 Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни. 44 И ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; и не ќе остане, во тебе, ни камен на камен, зашто не го позна времето кога беше посетен!” 45 И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува продавачите, 46 велејќи им: „Напишано е: ‘Мојот Дом да биде Дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.’ 47 И поучуваше секој ден во Храмот. А свештеничките главатари, книжниците и народните првенци гледаа да Го погубат. 48 Но не најдоа што да сторат, зашто сиот народ Го слушаше неотстапно.
1 И еден ден, кога го поучуваше народот во Храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија свештеничките главатари и книжниците, со старешините, 2 и Му рекоа: „Кажи ни со каква власт го правиш тоа? Или, Кој е тој, што Ти ја даде таа власт?” 3 А Тој во одговор им рече: „И Јас ќе ви поставам едно прашање и кажете ми: 4 Јовановото крштавање од небото ли беше, или од луѓето?” 5 А тие размислуваа меѓу себе, велејќи: „Ако речеме: ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто тогаш не му верувавте?’ 6 Ако речеме - ‘од луѓето’ - сиот народ ќе не убие со камења, зашто е уверен дека Јован е пророк.” 7 И одговорија дека не знаат од каде е. 8 А Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова.” 9 И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Некој човек насади лозје, и го даде под наем на земјоделци, и си отиде на подолго време. 10 А кога дојде време, испрати свој слуга при земјоделците, за да му дадат од плодовите на лозјето. Земјоделците го натепаа и го испратија назад празен. 11 И пак испрати друг слуга, а тие го натепаа и него, го засрамија и го испратија празен. 12 Испрати и трет, а тие и него го ранија и го исфрлија. 13 Тогаш господарот на лозјето рече: „Што да правам? Ќе го испратам својот возљубен син. Можеби од него ќе се засрамат. 14 А кога земјоделците го видоа, почнаа да размислуваат меѓу себе: „Овој е наследникот! Да го убиеме, за да биде наследството наше!” 15 И го исфрлија надвор од лозјето и го убија. И така, што ќе им направи господарот на лозјето? 16 Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе им го даде на други.” А кога тие го чуја тоа, рекоа: „Да не биде!” 17 А Тој ги погледна и рече: „Тогаш, што значи ова што е напишано: „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот? 18 Секој, кој ќе падне врз овој камен, ќе се разбие, а врз кого ќе падне тој, ќе го сотре.” 19 И во истиот час книжниците и свештеничките главатари гледаа да стават рака врз Него, но се плашеа од народот. Имено разбраа дека за нив ја раскажа оваа парабола. 20 И набљудувајќи Го Му испратија луѓе, кои се правеа праведни, за да Го фатат во некој збор и да им го предадат на началството и на власта на управителот. 21 И Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш; и не гледаш кој е кој, туку според вистината поучуваш по Божјиот пат. 22 Дали е дозволено да даваме данок на ќесарот или не?” 23 Тој пак го разбра нивното лукавство и рече: 24 ”Покажете ми денариј! Чиј образ и натпис има?” Тие рекоа: „Ќесарев!” 25 А Тој им рече: „Тогаш, дајте му го ќесаровото на ќесара, а Божјото на Бога!” 26 И не можеа да Го фатат во збор пред народот; и замолкнаа зачудени од Неговиот одговор. 27 Тогаш се приближија некои од садукеите, кои тврдат дека нема воскресение, и Го прашаа, велејќи: 28 ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре оженет брат, а е без деца, брат му нека ја земе жената и му подигне потомство на брата си.” 29 Беа седуммина браќа. Првиот се ожени и умре без деца; 30 и вториот, 31 и третиот ја зеде, и така сите седуммина. И умреа и не оставија деца. 32 Најпосле умре и жената. 33 И така: при воскресението, кому од нив ќе му припадне жената како жена, зашто сите седуммина ја имале за жена?” 34 А Исус им одговори: „Децата на овој век се женат и мажат, 35 а кои ќе се удостојат да го добијат оној век и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат. 36 Тие не ќе можат веќе ни да умрат, зашто се како ангелите; и Божји синови се, зашто се синови на воскресението. 37 А дека мртвите стануваат, тоа и Мојсеј го кажа на местото при капината, каде Го нарече Господа: „Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.” 38 А Бог не е на мртвите, туку на живите; зашто во Него сите се живи.” 39 А некои од книжниците во одговор рекоа: „Учителе, добро рече!” 40 И не се осмелија веќе да Го прашаат за нешто. 41 Тогаш им рече: „Како велат дека Христос е Давидов Син? 42 Зашто самиот Давид вели во свитокот на псалмите: „Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седи оддесно Мене, 43 додека ги положам Твоите непријатели, за подножје на Твоите нозе!’ 44 И така, Давид Го наречува Господ; како Му е тогаш Син?” 45 И додека целиот народ Го слушаше, Тој им рече на Своите ученици: 46 ”Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки, на кои им се мили: поздравите на јавни места; првите места во синагогите и челните места на гозбите! 47 Кои ги изедуваат домовите на вдовиците, и лажно се молат долго. Тие ќе добијат поголема пресуда!”
1 А кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат своите дарови во благајната. 2 А виде и една бедна вдовица, како пушти таму две лепти, 3 и рече: „Вистина ви велам, беднава вдовица пушти повеќе од сите, 4 зашто сите овие приложија дар за Бога, од својот вишок; а таа од својата немаштија: пушти сè што имаше за живеење.” 5 И кога некои зборуваа за Храмот дека е украсен со убави камења и со заветни дарови, Тој им рече: 6 ”Ќе дојдат дни кога од ова што го гледате, не ќе остане ни камен на камен, што не ќе биде урнат!” 7 А тие Го прашаа, велејќи: „Учителе, кога ќе биде тоа, и каков е знакот, дека тоа ќе стане?” 8 Тој пак рече: „Внимавајте да не ве заведат, зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас сум’ и ‘времето приближило!’ Не одете по нив! 9 Кога ќе чуете за војни и буни, не плашете се! Зашто тоа треба прво да стане, но не е веднаш свршетокот!” 10 Тогаш им рече: „Ќе се подигне народ против народ и царство против царство; 11 ќе има големи земјотреси, а на разни места ќе има глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото. 12 Но пред сè тоа, ќе стават раце на вас и ќе ве гонат; ќе ве предаваат во синагогите и во темници; ќе ве водат пред цареви и управители заради Моето име. 13 Тоа ќе ви овозможи да сведочите. 14 И така, ставете си во своите срца, да не се подготвувате како ќе се браните, 15 зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да и се спротиват и да и противречат сите ваши непријатели. 16 А ќе ве предаваат и родителите, и браќата, и роднините и пријателите, и ќе убијат некои од вас; 17 и сите ќе ве мразат, заради Моето име. 18 Но вам нема да ви пропадне ни влакно од главата. 19 Со своето трпение ќе ги спасите своите души!” 20 ”А кога ќе го видите Ерусалим дека е опколен од војски, знајте дека е близу неговото запустување. 21 Тогаш оние, кои се во Јудеја нека бегаат во планините; а кои се во градот нека излезат надвор; а кои се во полето, нека не влегуваат во градот! 22 Зашто тоа се дни на одмазда, за да се исполни сè што е напишано! 23 Горко им на бремените и на доилките во тие дни, зашто ќе има голема неволја во земјата и гнев врз овој народ. 24 Ќе паѓаат од сечилото на мечот, и ќе ги одведуваат во ропство меѓу сите народи; а народите ќе го газат Ерусалим, додека не се исполнат времињата на народите.” 25 И ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите; а на земјата народите ќе бидат опфатени од страв и збунетост од бучењето и од морските бранови; 26 луѓето ќе примираат од страв, од исчекувањето на она, што ќе го најде светот, зашто небесните сили ќе се затресат. 27 И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облак со голема сила и слава. 28 А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и подигнете ги главите, зашто се приближи вашето избавување.” 29 Потоа им кажа парабола: „Погледајте ги смоквата и сите дрвја; 30 кога ќе видите дека развиваат, сами знаете дека летото е веќе близу. 31 Така и вие, кога ќе видите дека ова се збиднува, знајте дека Божјото Царство е близу! 32 Вистина ви велам, дека ова поколение нема да помине, додека сè ова не се збидне. 33 Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.” 34 ”Но, внимавајте на себеси, вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, со животни грижи и да не ве затече ненадејно оној ден, 35 зашто како примка ќе дојде за сите кои живеат по целата земја. 36 Туку, бдејте и молете се во секое време, за да успеете да избегнете од сето ова што ќе настане, и да застанете пред Човечкиот Син.” 37 Дење поучуваше во Храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше на гората наречена Маслинова. 38 И сиот народ рано наутро доаѓаше при Него во Храмот, за да Го слуша.
1 А наближуваше празникот на бесквасните лебови, кој се вика Пасха. 2 Свештеничките главатари и книжниците размислуваа како да Го убијат; но се плашеа од народот. 3 Тогаш сатаната влезе во Јуда, кој се викаше Искариотски, еден од бројот на Дванаесетмината. 4 Тој отиде и се договори со свештеничките главатари и со заповедниците како да им Го предаде. 5 И тие се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. 6 И тој се согласи и бараше згодна прилика за да им Го предаде, кога таму не ќе биде народот. 7 И дојде денот на бесквасните лебови, кога требаше да се заколе пасхалното јагне. 8 И ги испрати Петра и Јована, велејќи: „Одете и пригответе ни да ја јадеме Пасхата!” 9 А тие Му рекоа: „Каде сакаш да ја приготвиме?” 10 А Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете во градот, ќе ве сретне човек, кој носи врчва со вода; одете по него во куќата во која ќе влезе 11 и речете му на домаќинот: ‘Учителот прашува, каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со Своите ученици?’ 12 И тој ќе ви покаже голема горна одаја послана, таму пригответе!” 13 А тие отидоа и најдоа како што им рече и ја приготвија Пасхата. 14 А кога дојде часот, седна Тој крај трпезата и апостолите со Него, 15 и им рече: „Многу сакав да ја јадам со вас оваа Пасха, пред да пострадам, 16 зашто ви велам: нема веќе да ја јадам додека не се исполни во Божјото Царство.” 17 И ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете ја и поделете ја меѓу себе, 18 зашто ви велам дека нема да пијам од лозовиот плод - додека не дојде Божјото Царство!” 19 Потоа зеде леб, заблагодари и го раскрши и им го раздаде, велејќи: „Ова е Моето тело, кое се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!” 20 А исто така, ја зеде и чашата - по вечерата - и рече: „Оваа чаша е Новиот Завет во Мојата крв, која се пролева за вас. 21 Но, ете, раката на оној, кој Ме предава е со Мене, на трпезава. 22 Зашто Човечкиот Син оди, како што е определено, но горко му на оној човек, кој ќе Го предаде!” 23 И почнаа да се прашуваат помеѓу себе: кој ли ќе е од нив оној, кој ќе го направи тоа. 24 А настана и препирка меѓу нив за тоа кој е од нив поголем. 25 А Тој им рече: „Царевите на народите владеат над нив, а оние, кои управуваат над нив се викаат добротвори. 26 А вие, немојте така! Но, поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, а старешината како служителот. 27 Зашто, кој е поголем - оној, кој прилегнал покрај трпезата или оној, кој слугува? Зар не е оној, кој прилегнал покрај трпезата? А Јас Сум меѓу вас како служител. 28 Вие сте оние, кои истрајувате со Мене во Моите искушенија. 29 И Јас ви го определувам Царството, како што Мојот Татко Ми го определи Мене, 30 за да јадете и да пиете на Мојата трпеза, во Моето Царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелеви племиња.” 31 ”И рече Господ: Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица, 32 но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера. А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!” 33 А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и во темница и во смрт.” 34 А Тој рече: „Ти велам, Петре, денес не ќе пропее петел, додека трипати не се одречеш дека Ме познаваш!” 35 Уште им рече: „Кога ве пратив без ќесе и без торба и обувки, дали ви недостасуваше нешто?” А тие рекоа: „Ништо!” 36 И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека го земе; исто така и торба; а кој нема нека ја продаде својата наметка и нека си купи меч; 37 зашто ви велам, дека треба да се изврши на Мене што е напишано: „И Го вброија меѓу злочинци!” Имено, она што е пишано за Мене - се исполнува.” 38 А тие Му рекоа: „Господи, еве тука има два меча!” А Тој им рече: „Доста е!” 39 И излезе и отиде, според обичајот, на Маслиновата Гора; а учениците одеа по Него. 40 И кога дојде на местото, им рече: „Молете се, за да не паднете во искушение.” 41 И Тој се оддели од нив, колку што може да се фрли камен, и клекна на колена и се молеше, 42 велејќи: „Татко! Ако сакаш, отстрани ја оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата, туку Твојата волја!” 43 И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. 44 И кога се најде во борба, се молеше уште поусрдно; а потта Му стана како капки крв, што паѓаа на земјата. 45 И кога стана од молитвата, дојде при учениците и ги најде заспани од тага; 46 и им рече: „Зошто спиете! Станете и молете се, за да не паднете во искушение!” 47 Додека уште зборуваше, ете, едно множество, пред кого одеше еден од Дванаесетмината, кој се викаше Јуда, и Му се приближи на Исуса да Го целива. 48 Но Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Човечкиот Син!” 49 А кога оние, кои беа со Него, видоа што ќе стане, рекоа: „Господи, да удриме ли со меч?” 50 И еден од нив, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. 51 А Исус одговори и рече: „Оставете Го тоа!” И се допре до увото и го излечи. 52 Тогаш Исус им рече на оние, кои се кренаа против Него - на свештеничките главатари, на началниците на Храмот и на старешините: „Излеговте како на разбојник со мечеви и стапови! 53 Кога бев, секој ден со вас во Храмот, не кренавте рака на Мене. Но, ова е ваш час и власт на темнината!” 54 А кога Го фатија, Го одведоа и Го воведоа во домот на првосвештеникот. Петар одеше по Него оддалеку. 55 Кога пак запалија оган среде дворот и седнаа наоколу, и Петар седеше меѓу нив. 56 И кога една слугинка го виде како седи до огнот, се загледа во него и рече: „И овој беше со Него!” 57 Но тој одрече, велејќи: „Жено, не Го познавам!” 58 И малку потоа, го виде некој друг и рече: „И ти си од нив!” А Петар рече: „Човеку, не сум!” 59 И кога помина околу еден час време, еден друг потврдуваше: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!” 60 А Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!” И веднаш - додека уште зборуваше - петел запеа. 61 Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра; и Петар се сети на Господовите зборови, што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене!” 62 И Петар штом излезе надвор заплака горко. 63 А мажите, кои го држеа Исуса, Му се потсмеваа и Го биеја; 64 па, кога Го покрија, Го удираа по образите и Го прашуваа: „Проречи кој Те удри?” 65 И многу други хули рекоа против Него. 66 А кога се раздени, се собраа народните старешини, свештеничките главатари и книжниците, и Го воведоа во Синедрионот 67 и Му рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!” А Тој им рече: „Ако ви кажам, нема да поверувате. 68 Ако ве прашам, нема да одговорите. 69 Но отсега Човечкиот Син ќе седи оддесно на Божјата Сила.” 70 Тие сите рекоа: „Значи, Ти си Божји Син?” Тој пак им рече: „Вие велите дека Сум Јас.” 71 А тие рекоа: „Зошто ни е потребно уште сведоштво. Самите чувме од Неговата уста.”
1 Тогаш целото нивно множество стана и Го одведе при Пилата. 2 И почнаа да Го обвинуваат, велејќи: „Го најдовме Овој, како го буни нашиот народ и забранува да се дава данок на ќесарот, а за Себе вели дека е Христос Цар.” 3 А Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Јудејски Цар?” А Тој во одговор му рече: „Ти велиш.” 4 Тогаш Пилат им рече на свештеничките главатари и на народот: „Не наоѓам никаква вина на Овој Човек.” 5 Но тие уште поупорно велеа: „Тој го буни народот, зашто поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па дотука.” 6 А кога Пилат го чу тоа, праша дали е Тој Човек Галилеец. 7 И кога научи дека е од Иродовата област, Го испрати при Ирода, кој во тие денови - исто така - беше во Ерусалим. 8 А кога Ирод Го виде Исуса, се зарадува многу, дека одамна имаше желба да Го види; зашто беше слушал за Него и се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него. 9 И Му поставуваше многу прашања, но Тој не му одговори ништо. 10 А свештеничките главатари и книжниците стоеја и Го обвинуваа постојано. 11 Тогаш Ирод, со своите војници, Го презре и Му се наруга; Го облече во сјајна облека и Го испрати назад при Пилата. 12 Во истиот ден Пилат и Ирод се спријателија, зашто порано беа непријатели. 13 А Пилат ги свика свештеничките главатари, началниците и народот, и им рече: 14 ”Ми Го доведовте Овој Човек како Тој да го бунтува народот; а, еве, јас Го испитав пред вас и не најдов во Овој Човек никаква вина, за која Го обвинувате. 15 А ни Ирод, зашто Го прати назад при нас. И Овој не направил ништо, што заслужува смрт. 16 Затоа, ќе Го казнам и ќе Го ослободам.” 17 А требаше да им ослободи еден затвореник на празникот. 18 Но тие сите извикаа едногласно: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!” 19 Кој беше фрлен во темница, заради некаква буна во градот и заради убиство. 20 А Пилат им се обрати пак, сакајќи да Го ослободи Исуса; 21 но тие викаа, велејќи: „Распни Го! Распни!” 22 А тој им рече по третпат: „Та какво зло направил? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт. Затоа ќе Го ослободам, откако ќе Го казнам.” 23 Но тие навалуваа со голема викотница и бараа да биде распнат; а викањето на нив и на свештеничките главатари беше сè посилно. 24 Тогаш Пилат одлучи да го исполни нивното барање. 25 И им го пушти оној, кого го бараа, а кој беше фрлен во темница заради бунт и убиство; а Исуса им Го предаде на нивна волја. 26 И кога Го поведоа, го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса. 27 По Него одеше големо множество народ и жени, кои плачеа и ридаа за Него. 28 Но Исус се заврти кон нив и им рече: „Ерусалимски ќерки, не плачете за Мене; туку плачете за себеси и за своите деца! 29 Зашто, ете, доаѓаат денови кога ќе се рече: ‘Блажени се неродилките! И утробите што не родиле и градите што не доеле!’ 30 Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нè!’ 31 Зашто, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото. 32 А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат со Него. 33 И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него; и злочинците - едниот оддесно, а другиот одлево. 34 А Исус рече: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!” Кога го делеа Неговото облекло, фрлија жрепка. 35 Народот стоеше и гледаше. А старешините се ругаа, велејќи: „Други спаси! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји Избраник!” 36 Му се потсмеваа и војниците, кои Му се приближуваа и Му даваа киселина; 37 и велеа: „Ако си Јудејски Цар спаси се Самиот!” 38 А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Јудејскиот Цар.” 39 А еден од обесените разбојници Го хулеше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!” 40 А другиот во одговор го укори: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден. 41 И, ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото од тоа што сме сториле. Но, Овој не направил никакво зло.” 42 И рече: „Исусе, спомни си за мене, кога ќе дојдеш во Твоето Царство!” 43 А Тој му рече: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот.” 44 А беше веќе околу шестиот час, кога настана темнина по целата земја до деветтиот час, 45 при што сонцето ја изгуби својата светлина, а завесата во Храмот се расцепи на средина. 46 Тогаш Исус извика со силен глас: „Татко, Го предавам Својот дух во Твои раце.” И кога го рече - издивна. 47 А кога стотникот виде што се случи, почна да Го слави Бога, велејќи: „Навистина, Овој човек беше праведен!” 48 И сиот народ, што се беше собрал да го гледа ова, кога виде што стана, се враќаше дома, удирајќи се по градите. 49 А сите Негови познати стоеја подалеку, и жените, кои дошле по Него од Галилеја - го гледаа тоа. 50 И ете, некој човек по име Јосиф, кој беше советник, добар и праведен човек, 51 тој не се согласи со нивната одлука и со нивното дело - од јудејскиот град Ариматеја - кој го очекуваше Божјото Царство, 52 отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. 53 И кога го симна, го обви во ленено платно и го положи во гроб, исечен во камен - во кој уште никој не беше положен. 54 А беше ден на подготовката, и саботата настапуваше. 55 По него одеа и жените, кои беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и како беше положено Неговото тело. 56 Потоа се вратија и приготвија мириси и миро; а во саботата, почиваа, според заповедта.
1 А во првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите, што ги приготвија. 2 И го најдоа каменот одвален од гробот. 3 И кога влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. 4 И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки. 5 Бидејќи беа уплашени ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? 6 Тој не е тука! Воскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја; 7 говорејќи: ‘дека Човечкиот Син треба да биде предаден во рацете на грешниците и да биде распнат и да воскресне на третиот ден!’ 8 И си ги спомнаа Неговите зборови. 9 И кога се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на Единаесетмината и на сите други. 10 А тие беа: Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јакововата мајка, и други жени со нив; им го кажаа тоа на апостолите. 11 А ним овие зборови им изгледаа како празна шега, и не им веруваа. 12 А Петар стана и отрча до гробот се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, чудејќи се за она што се случило. 13 И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим, 14 и разговараа меѓу себе за сите овие настани. 15 И додека тие разговараа и се запрашуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив. 16 Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат. 17 И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?” 18 И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?” 19 И им рече: „Што?” А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ: 20 како нашите свештенички главатари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа, 21 А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова. 22 А нè збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот, 23 и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив. 24 Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.” 25 И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сè што рекле пророците! 26 Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?” 27 И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо. 28 И кога се приближија до селото, во кое одеа, Тој се направи како да сака да оди натаму. 29 Но, тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто вечерта е близу, а денот веќе превали!” И влезе да остане со нив. 30 И додека беше прилегнат со нив покрај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде. 31 Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; но Тој стана невидлив за нив. 32 И си рекоа еден на друг: „Не гореше ли срцето во нас, кога ни зборуваше патем и ни ги толкуваше Писмата?” 33 И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани Единаесетмината, и тие кои беа со нив, 34 кои зборуваа: „Господ навистина воскресна; му се јавил на Симона!” 35 А тие пак раскажаа што се случило патем и како Го препознаа при раскршувањето на лебот. 36 И додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана меѓу нив и им рече: „Мир вам!” 37 А тие збунети и уплашени мислеа дека гледаат дух. 38 А Тој им рече: „Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомненија во вашите срца? 39 Погледајте ги Моите раце и Моите нозе - Јас Сум Истиот! Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, а како што гледате Јас имам.” 40 И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. 41 А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: „Имате ли тука нешто за јадење?” 42 И Му дадоа парче печена риба и мед со саќе. 43 Тој го зеде и јадеше пред нив. 44 И им рече: „Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите.” 45 Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата, 46 и им рече: „Така е напишано дека Христос треба да пострада и да воскресне од мртвите во третиот ден, 47 и да биде проповедано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи - почнувајќи од Ерусалим. 48 Вие сте сведоци на тоа; 49 а еве, Јас ќе го испратам на вас ветувањето на Мојот Татко; а вие останете во градот, додека не се облечете во сила одозгора!” 50 И ги изведе до Витанија; ги подигна Своите раце и ги благослови. 51 И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небо. 52 А тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. 53 И беа постојано во Храмот фалејќи Го и благословувајќи Го Бога. Амин!
1 Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог. 2 Тоа беше во почетокот во Бога. 3 Сè стана преку Него, и ништо, што стана, не стана без Него. 4 Во Него беше живот и животот им беше светлина на луѓето. 5 И светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати. 6 Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован. 7 Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. 8 Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината. 9 Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот. 10 Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. 11 Дојде при Своите, но Неговите не Го примија. 12 А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: 13 кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога. 14 И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина. 15 Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!” 16 И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат. 17 Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината. 18 Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот СинБог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.” 19 А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?” 20 И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.” 21 И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?” „Не сум,” одговори. „Да не си пророк?” „Не,” одговори. 22 Тогаш му рекоа: „Кој си? за да можеме да им одговориме на оние, кои нè испратија! Што велиш ти за себеси?” 23 Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,” како што рече пророкот Исаија.” 24 Испратените беа фарисеи. 25 Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?” 26 ”Јас крштавам со вода им одговори Јован - но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. 27 Тој е Оној Кој доаѓа по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да му го одврзам ременот на Неговите обувки.” 28 Тоа се случи во Витавара, од онаа страна на Јордан, каде што крштаваше Јован. 29 Утреден Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот! 30 Овој е Оној за Кого ви реков: „По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене.” 31 Јас не Го познавав. Но затоа дојдов да крштавам во вода, за да му Го објавам на Израел.” 32 Јован сведочеше уште: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб, и застана над Него. 33 Јас не Го познавав, но Оној Кој ме испрати да крштавам во вода ми рече: „Врз Кого ќе видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е Оној, Кој ќе крштава во Светиот Дух.” 34 И јас видов и сведочам дека Тој е Божји Син.” 35 Идниот ден, Јован стоеше пак и двајца од неговите ученици, 36 и штом Го виде Исуса да поминува, рече: „Еве Го Божјото Јагне!” 37 Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика тргнаа по Исуса. 38 Исус се заврти и, кога виде дека идат по Него, ги праша: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи учител) каде живееш?” 39 ”Дојдете и видете!” им одговори. И така, отидоа да видат каде живее, и останаа при Него оној ден. Тоа беше околу десеттиот час. 40 Еден од двајцата кои тргнаа по Исуса, откако ги чуја Јовановите зборови, беше Андреј, братот на Симона Петра. 41 Тој го најде првин брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи Христос (Помазаник).” 42 И го доведе при Исуса. А Исус, гледајќи го му рече: „Ти си Симон, синот Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи камен (Петар).” 43 На другиот ден Исус посака да отиде во Галилеја, и го најде Филипа. И му рече: „Дојди по Мене!” 44 Филип беше од Витсаида, од Петровиот и Андреевиот град. 45 Филип го сретна Натанаила и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишува Мојсеј во Законот и Пророците: Исуса, синот Јосифов од Назарет.” 46 ”Може ли да излезе нешто добро од Назарет?”, му рече Натанаил. „Дојди и види”, му одговори Филип. 47 Исус го забележа Натанаила, како Му се приближува, и рече за него: „Еве, вистински Израелец, во кого нема лукавство.” 48 ”Откаде ме познаваш?”, го праша Натанаил. „Уште пред да те повика Филип - му одговори Исус - те видов под смоквата.” 49 ”Рави! - му одговори Натанаил - Ти си Божји Син! Ти си Израелев Цар!” 50 Исус во одговор му рече: „Веруваш, зашто ти реков дека те видов под смоквата! Ќе видиш и повеќе од тоа!” 51 И му рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Човечкиот Син.”
1 А на третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и Исусовата мајка беше таму. 2 Ги повикаа на свадбата и Исуса и Неговите ученици. 3 Кога сврши виното, Му рече на Исуса Неговата мајка: „Немаат вино.” 4 Исус и одговори: „Што имам Јас со тебе, жено? Уште не дошол Мојот час.” 5 Неговата мајка им рече на слугите: „Што и да ви рече, направете.” 6 Таму имаше шест камени садови, според прописот за јудејското миење, што собираа по две до три мери. 7 Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!” И ги наполнија догоре. 8 Тогаш им рече: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот!” И му однесоа. 9 А кога старосватот вкуси од водата претворена во вино - а не знаеше од каде е, но знаеја слугите, кои црпеа од водата - го повика младоженецот 10 и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.” 11 Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на чудесата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него. 12 Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, и Неговите браќа, и Неговите ученици, и останаа таму неколку дена. 13 И беше близу јудејската Пасха и Исус се искачи во Ерусалим. 14 И ги најде во Храмот продавачите на волови, овци и гулаби и менувачите на сребреници - како седат таму. 15 Направи бич од јажиња и ги истера сите од Храмот, заедно со овците и воловите. На среброменувачите им ги истури сребрениците и им ги преврте масите. 16 А на оние, кои продаваа гулаби им рече: „Однесете го тоа оттука! Не правете трговска куќа од Домот на Мојот Татко!” 17 Неговите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.” 18 Тогаш Јудејците Го прашаа: „Со каков знак ни го докажуваш тоа што го правиш?” 19 А Исус им одговори и рече: „Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!” 20 Тогаш Јудејците рекоа: „Храмов е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?” 21 Но Тој зборуваше за Храмот на Своето тело. 22 Кога воскресна, пак, од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го рече тоа; па им поверуваа на Писмото и на зборот, што Исус им го рече. 23 А кога беше во Ерусалим, на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги знаците, што ги правеше. 24 Но Самиот Исус не им се доверуваше, зашто ги познаваше сите, 25 и немаше потреба некој да Му сведочи за човекот, зашто Самиот знаеше што има во човекот.
1 А меѓу фарисеите имаше еден човек, по име Никодим, јудејски старешина. 2 Тој дојде ноќе при Исуса и Му рече: „Рави! Знаеме дека си дојден од Бога како Учител; зашто никој не може да ги прави чудесата, што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.” 3 Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.” 4 Никодим Му рече: „Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?” 5 Исус му одговори: „Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство. 6 Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. 7 Не чуди се што ти реков: треба да се родите одозгора. 8 Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.” 9 Никодим Му одговори и рече: „Како може да биде тоа?” 10 Исус му одговори и рече: „Ти си Израелев учител, и не го знаеш ли тоа? 11 Вистина, вистина, ти велам: зборуваме за она, што знаеме; сведочиме за она што сме виделе; а сепак не го примате нашето сведоштво. 12 Не верувате кога ви зборував за земните работи, како ќе верувате ако ви кажувам за небесните? 13 И никој не отишол во небо, освен Оној, Кој слезе од небото, Човечкиот Син Кој е во небото.” 14 И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Човечкиот Син, 15 та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот. 16 Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. 17 Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. 18 Кој верува во Него, нему не му се суди; а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син. 19 Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината, зашто делата им беа зли. 20 Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат откриени неговите дела; 21 а кој ја извршува вистината оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се извршени во Бога. 22 Потоа Исус дојде со Своите ученици во Јудеја; таму се задржа со нив и крштаваше. 23 Исто и Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода, и луѓето доаѓаа и се крштаваа; 24 зашто Јован уште не беше фрлен во темница. 25 Така настана препирка меѓу Јовановите ученици и еден Јудеец околу очистувањето. 26 И дојдоа при Јована и му рекоа: „Учителе, ене, Оној Кој беше со тебе на онаа страна на Јордан, за Кого ти сведочеше, Тој крштава, и сите одат при Него.” 27 Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да земе, ако не му е дадено од небото. 28 Вие сами сте мои сведоци дека реков: „Јас не сум Христос, туку сум испратен пред Него.” 29 Кој има невеста, тој е младоженец. А пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, се радува многу штом ќе го чуе гласот на младоженецот. И така, оваа моја радост се исполни. 30 Тој треба да расте, а јас да се смалувам!” 31 Кој доаѓа одозгора, над сите е; кој е од земјата, земен е и зборува земски. Кој доаѓа од небото над сите е; 32 тој сведочи за она што видел и чул, но никој не го прима Неговото сведоштво. 33 Кој го примил Неговото сведоштво, потврдува дека Бог е вистински. 34 Зашто Оној Кого Бог Го испратил говори Божји зборови; бидејќи, Бог не дава Дух со мерка. 35 Таткото Го љуби Синот и сè предаде во Неговата рака. 36 Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не се покорува на Синот, нема да види живот, туку Божијот гнев останува врз него.”
1 Кога Исус научи дека фарисеите чуле оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јована, 2 - иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици, - 3 ја напушти Јудеја и се врати пак во Галилеја. 4 А требаше да помине преку Самарија. 5 Така дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, во близина на земјиштето, што Јаков му го даде на сина си Јосифа; 6 таму беше Јакововиот Извор. А Исус, изморен од патот, седеше така на кладенецот; беше околу шестиот час. 7 Дојде една самарјанка, за да нацрпи вода. Исус и рече: „Дај Ми да пијам!” 8 Зашто учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. 9 Самарјанката Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?” Имено, Јудејците не општеа со Самарјанците. 10 Исус и одговори и рече: „Кога би знаела за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај ми да пијам,’ ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.” 11 Жената Му одговори: „Нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецот е длабок! Тогаш, од каде имаш жива вода? 12 Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде кладенецов? И тој самиот пиеше од него, и неговите синови, и неговиот добиток!” 13 Исус во одговор и рече: „Секој кој пие од водава, пак ќе ожедни. 14 А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека, туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот.” 15 Жената Му рече: „Господине, дај ми од водата за да не ожеднувам и да не доаѓам тука да нацрпувам!” 16 Исус и рече: „Оди, повикај го мажа си и врати се тука!” 17 Жената му одговори и рече: „Јас немам маж.” Исус и рече: „Право кажа дека немаш маж; 18 зашто си имала петмина мажи и тој, кого го имаш сега, не ти е маж. Тоа го рече вистинито.” 19 Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк. 20 Нашите татковци Му се поклонуваа на Бога на оваа планина, а вие велите дека Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.” 21 Исус и рече: „Верувај Ми жено, дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа планина ниту во Ерусалим. 22 Вие не знаете на што му се поклонувате; ние знаеме на што му се поклонуваме, зашто Спасението доаѓа од Јудејците. 23 Но доаѓа час - и веќе е тука - кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. 24 Бог е Дух, и кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.” 25 Жената Му одговори: „Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос. Кога ќе дојде Тој, ќе ни објави сè.” 26 Исус и рече: „Јас Сум, Кој зборувам со тебе.” 27 Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: „Што сакаш?” или: „Зошто разговараш со неа?” 28 Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето: 29 ”Дојдете да Го видите Човекот, Кој ми кажа сè што сум направила! Да не е Тој Христос?” 30 Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. 31 Во меѓувреме учениците Го молеа Исуса: „Рави, јади!” 32 Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.” 33 Тогаш учениците зборуваа помеѓу себе: „Да не му донесол некој јадење?” 34 Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој ме прати и да го завршам Неговото дело. 35 Зар вие не велите: „Уште четири месеци и жетвата ќе дојде! „Еве, ви велам: подигнете ги своите очи и видете ги нивите како побелеле за жетва! 36 Жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот; да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. 37 Зашто во ова вистинска е пословицата: „Еден сее, а друг жние!” 38 Јас ве испратив да жниете, каде што не сте се труделе. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд. 39 И мнозина самарјани од градот поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Тој ми кажа сè што сум направила.” 40 Па кога Самарјанците дојдоа при Него, Го замолија да остане кај нив; и остана таму два дена. 41 И уште повеќе од нив поверуваа заради Неговото слово, 42 а на жената и велеа: „Сега не веруваме заради твоето кажување; зашто самите чувме и знаеме дека Тој е навистина Христос, Спасителот на светот.” 43 По два дена тргна оттаму за Галилеја. 44 Зашто Самиот Исус изјави дека пророкот нема чест во својата родина. 45 И така, кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сè што стори во Ерусалим на празникот, бидејќи и самите дојдоа на празникот. 46 И пак дојде во Кана Галилејска, каде ја претвори водата во вино. А имаше еден царски службеник, чиј син беше болен во Капернаум. 47 Тој, штом чу дека Исус дојде од Јудеја во Галилеја, отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го исцели синот, зашто беше на умирање. 48 Тогаш Исус му рече: „Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.” 49 Царскиот службеник Му рече: „Господине, слези пред да ми умре детето!” 50 Исус му рече: „Оди си, твојот син е жив!” Човекот му поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина. 51 И додека уште слегуваше, неговите слуги го пресретнаа и му соопштија дека син му е жив. 52 А тој ги праша за часот во кој му станало полесно. Тие му одговорија: „Вчера, во седмиот час, го остави треската.” 53 Тогаш таткото разбра дека тоа се случило во часот кога Исус му рече: „Твојот син е жив!” И поверува тој и целиот негов дом. 54 Ова пак второ чудо го направи Исус, кога дојде од Јудеја во Галилеја.
1 Потоа беше јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим. 2 А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда. 3 Во нив лежеа мнозина болни; слепи, хроми и суви, (кои чекаа да се раздвижи водата. 4 Зашто, ангел, одвреме на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата, а кој прв ќе влезеше - откако ќе се разбрануваше водата - оздравуваше од каква и да било болест да страдаше.) 5 Таму имаше еден човек, кој лежеше болен триесет и осум години. 6 Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?” 7 Болниот Му одговори: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.” 8 Исус му рече: „Стани, подигни ја својата постела и оди!” 9 И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди. А тој ден беше сабота. 10 Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: „Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.” 11 Но тој им одговори: „Оној, Кој ме излечи ми рече: „Подигни ја својата постела и оди!” 12 Тогаш го прашаа: „Кој е човекот кој ти рече: „Подигни ја својата постела и оди?” 13 А исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се отстрани, бидејќи имаше многу народ на тоа место. 14 Потоа Исус го најде во Храмот и му рече: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.” 15 Човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува. 16 И затоа Јудејците Го гонеа Исуса, и сакаа да Го убијат, дека тоа го направи во сабота. 17 А Исус им одговори: „Мојот Татко работи постојано, па и Јас работам.” 18 Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога. 19 А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот. 20 Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сè што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите. 21 Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака. 22 Таткото не суди никого, туку целиот суд Му го даде на Синот, 23 за сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Таткото. Кој не Го почитува Синот - не Го почитува ни Таткото, Кој Го пратил. 24 Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот. 25 Вистина, вистина ви велам дека доаѓа час - и веќе е тука - кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и кои ќе го чујат, ќе живеат. 26 Зашто како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе. 27 Му ја даде и власта да суди, зашто е Човечки Син. 28 Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас 29 и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. 30 Јас ништо не можам да правам Сам од Себе; како што слушам, така судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати. 31 Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да биде вистинско. 32 Има Друг Кој сведочи за Мене и знам дека е вистинско сведоштвото што го дава за Мене. 33 Вие пративте при Јована, и тој посведочи за вистината; 34 но јас не примам сведоштво од човек, туку го кажувам ова, за да се спасите вие. 35 Тој беше светило, што гореше и светеше, но вие сакавте да се радувате малку време на неговата светлина. 36 Јас пак имам сведоштво поголемо од Јовановото: делата што Таткото Ми ги даде да ги завршам, токму тие дела, што ги правам, сведочат за Мене - дека Таткото Ме пратил. 37 И Таткото, Кој Ме прати, Самиот сведочи за Мене. Вие ни го чувте некогаш Неговиот глас, ниту го видовте Неговото лице, 38 и Неговите зборови ги немате постојано во вас, зашто не Му верувате на Оној, Кого Тој Го пратил. 39 Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека имате вечен живот во нив; и тие сведочат за Мене. 40 Но вие не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот. 41 Слава не примам од луѓе, 42 но знам дека вие немате во себеси Божјата љубов. 43 Јас дојдов во името на Мојот Татко, и не Ме примате. Ако дојде друг во свое име, него ќе го примите. 44 Како можете да верувате, кога примате слава еден од друг, а не ја барате славата, што доаѓа од Единиот Бог? 45 Не мислете дека Јас ќе ве обвинам пред Таткото; има кој ве обвинува - Мојсеј, на кого се надевате. 46 Зашто, ако му верувавте на Мојсеја, ќе Ми верувавте и Мене; зашто тој пишуваше за Мене. 47 Но ако не им верувате на неговите Писма, како ќе им верувате на Моите зборови?”
1 Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско. 2 Многу народ одеше по Него, зашто ги гледаа чудесата, што ги правеше над болните. 3 Исус се искачи на гората и седеше таму со Своите ученици. 4 А наближуваше јудејскиот празник - Пасхата. 5 Тогаш Исус ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, па му рече на Филипа: „Каде да купиме леб, за да се нахранат овие?” 6 Тоа го рече за да го искуша; зашто Самиот знаеше што ќе направи. 7 Филип Му одговори: „Не ќе им стигне леб за двеста денарии, па секој од нив да добие по малку.” 8 Еден од Неговите ученици, Андреј братот на Симона Петра, Му рече: 9 ”Тука има едно момче, кое има пет јачмени лебови и две риби; но што е тоа за толкаво множество?” 10 А Исус рече: „Нека поседнат луѓето!” Имено, имаше многу трева на местото, па поседнаа луѓето, на број околу пет илјади. 11 Тогаш, Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа. 12 Кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!” 13 И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачмени лебови, што им останаа на оние, кои јадеа. 14 Луѓето, кога го видоа чудото што го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот.” 15 Исус, - штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар - пак се повлече сосем Сам во гората. 16 Кога се приквечери, Неговите ученици слегоа до морето, 17 и влегоа во кораб и отидоа преку морето во Капернаум. Веќе се стемни, а Исус уште не беше дојден при нив. 18 Морето се разбранува, оти дуваше силен ветер. 19 Откако одвеслаа околу дваесет и пет или триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ; па се исплашија. 20 Но Тој им рече: „Јас Сум, не бојте се!” 21 Тие сакаа да Го земат во коработ, а коработ се најде веднаш на брегот, каде што одеа. 22 Утреден, народот, што стоеше преку морето, виде дека таму немаше друго бротче освен едното и дека Исус не влезе во бротчето со Своите ученици, туку дека Неговите ученици отпловија сами. 23 Од Тиверијада пристигнаа други бротчиња, близу до местото каде што беа јале леб, откако Господ заблагодари. 24 И кога народот виде дека таму ги нема ни Исуса ни Неговите ученици, влегоа во корабите и пристигнаа во Капернаум, за да Го бараат Исуса. 25 Кога Го најдоа на другата страна на морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде тука?” 26 Во одговор Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Ме барате не затоа што ги видовте чудните знаци, туку дека ги јадевте лебовите и се наситивте. 27 Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за вечен живот, а што ќе ви ја даде Човечкиот Син, зашто Бог Таткото Го потврди Него за тоа!” 28 Тогаш Му рекоа: „Што да правиме, за да ги извршуваме Божјите дела?” 29 Исус одговори и им рече: „Божјото дело е ова: да верувате во Оној, Кого Тој Го испратил.” 30 Тие пак Му рекоа: „Каков знак правиш, да видиме и да Ти поверуваме? Што правиш?” 31 Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: „Им даде да јадат леб од небото.” 32 Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото; а Мојот Татко ви дава вистински леб од небото. 33 Зашто Божјиот леб е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.” 34 Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб.” 35 Исус им рече: „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни. 36 Но ви реков: иако Ме видовте - не верувате. 37 Сè што Таткото Ми дава ќе дојде при Мене, а оној кој доаѓа при Мене нема да го исфрлам; 38 зашто не слегов од Небото да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме испратил. 39 А ова е волјата на Оној, Кој Ме пратил: да не изгубам ништо од сè што Ми дал, туку да го воскреснам во последниот ден. 40 Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.” 41 Тогаш Јудејците роптаа против Него зашто рече: „Јас Сум лебот што слезе од небото”, 42 и зборуваа: „Не е ли овој Исус, синот Јосифов, чии татко и мајка ги познаваме? Како вели сега: ‘Слегов од небото?’ 43 Исус одговори и им рече: „Не роптајте меѓу себе. 44 Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Таткото, Кој ме прати, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. 45 Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’ Секој, кој чул од Таткото и научил, доаѓа при Мене. 46 Не дека некој Го видел Таткото, освен Оној Кој доаѓа од Бога, Тој Го видел Таткото. 47 Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене има вечен живот.” 48 ”Јас Сум Лебот на животот. 49 Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. 50 Ова е лебот што слегува од небото, за да не умре оној, кој јаде од него. 51 Јас Сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб ќе живее довека; а лебот, што ќе го дадам, Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.” 52 Тогаш Јудејците се препираа меѓу себе и велеа: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?” 53 Тогаш Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе. 54 Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. 55 Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинско питие. 56 Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв - останува во Мене и Јас во него. 57 Како што Мене Ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене. 58 Ова е лебот што слезе од небото. Не како што вашите татковци јадеа мана и изумреа, кој јаде од овој леб, ќе живее довека.” 59 Ова го рече кога поучуваше во Капернаум, во синагогата. 60 Мнозина од Неговите ученици, штом го чуја тоа, рекоа: „Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?” 61 Бидејќи Исус знаеше во Себе дека Неговите ученици негодуваат заради тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува? 62 А ако Го видите Човечкиот Син да се вознесува горе - каде што бил порано? 63 Духот е оној, кој оживува; телото не помага ништо. Зборовите што ви ги реков се дух и живот. 64 Но има некои од вас, кои не веруваат. „Зашто Исус знаеше од почеток кои не веруваат и кој ќе Го предаде. 65 И рече: „Затоа ви реков, дека никој не може да дојде при Мене, ако не му е дадено од Мојот Татко.” 66 Оттогаш мнозина од Неговите ученици се вратија и не одеа веќе со Него. 67 А Исус им рече на Дванаесетмината: „Да не сакате и вие да си отидете?” 68 Симон Петар Му одговори: „Господи, при кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот. 69 Ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.” 70 Исус им одговори: „Зар не ве избрав Јас - Дванаесетмината? Но еден од вас е ѓавол.” 71 А зборуваше за Јуда Симонов Искариотски, зашто тој, еден од Дванаесетте, сакаше да Го предаде.
1 Потоа Исус одеше по Галилеја; бидејќи не сакаше да оди по Јудеја, зашто Јудејците Го бараа да Го убијат. 2 А наближуваше јудејскиот празник на Сениците. 3 Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини оттука и оди во Јудеја, та и Твоите ученици да ги видат делата, што ги вршиш; 4 зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, јави му се на светот.” 5 Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него. 6 Затоа Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а вашето време секогаш е подготвено. 7 Светот не може да ве мрази вас; а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него дека неговите дела се зли. 8 Вие отидете горе на празникот; Јас не одам на празников, зашто Моето време уште не се исполнило.” 9 Тоа им го рече и остана во Галилеја. 10 А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно. 11 Но Јудејците Го бараа на празникот и зборуваа: „Каде е Оној?” 12 И многу се зборуваше за Него во народот; едни зборуваа: „Добар е!” а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.” 13 Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради стравот од Јудејците. 14 А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше. 15 Затоа Јудејците се чудеа и велеа: „Како ги познава Овој Писмата - кога не учел?” 16 Тогаш Исус им одговори и рече: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил. 17 Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе. 18 Кој говори сам од себе - ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил - Тој е вистински; во Него нема неправда. 19 Зар Мојсеј не ви даде Закон? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?” 20 Народот одговори: „Бес е во Тебе; кој сака да Те убие?” 21 Исус во одговор им рече: „Направив едно дело и сите се чудите. 22 Затоа Мојсеј ви го даде обрезанието - не како тоа да е од Мојсеја, туку од татковците, па вие во сабота обрезувате човек. 23 Ако човек се обрезува во сабота - за да не се наруши Мојсеевиот Закон - зошто се лутите на Мене дека исцелив цел човек во сабота? 24 Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!” 25 Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли Овој Човекот, Кого Го бараат да Го убијат? 26 А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините, дека Тој е навистина Христос? 27 Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.” 28 Исус пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: „И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум; не дојдов Сам од Себе, туку е вистински Оној, Кој Ме пратил, Кого вие не Го познавате. 29 Јас Го знам, зашто Сум од Него и Тој Ме прати.” 30 Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час. 31 А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, дали ќе направи повеќе чуда, отколку што направи Овој?” 32 Фарисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија служители да Го фатат. 33 Тогаш Исус рече: „Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној, Кој Ме пратил. 34 Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде Сум Јас, вие не можете да дојдете.” 35 Тогаш Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците? 36 Што значи зборот, што го рече: ‘Ќе Ме барате и нема да Ме најдете;’ и: ‘каде Сум Јас, вие не можете да дојдете?’ 37 А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие. 38 Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.” 39 Тоа го рече пак за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; зашто Духот уште не беше слезен, зашто Исус уште не беше прославен. 40 А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: „Овој е навистина Пророкот. 41 Други велеа: „Овој е Христос.” Трети пак прашуваа: „Зар Христос ќе дојде од Галилеја? 42 Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото семе, и од гратчето Витлеем, каде беше Давид?” 43 Така настана раздор во народот заради Него. 44 А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. 45 Кога слугите дојдоа при првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?” 46 Служителите одговорија: „Никој никогаш не зборувал така, како што говори Овој Човек.” 47 А фарисеите им одговорија: „Зар сте и вие заблудени? 48 Дали некој од првенците или од фарисеите поверувал во Него? 49 Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот.” 50 Никодим, кој порано отиде при Исуса, а кој беше од нив, им рече: 51 ”Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не разбере што прави?” 52 Тие во одговор му рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не доаѓа од Галилеја.” 53 И секој си отиде во својот дом.
1 Исус отиде на Маслиновата Гора. 2 А рано наутро пак дојде во Храмот; и сиот народ доаѓаше при Него. Тој седна и ги поучуваше. 3 Тогаш книжниците и фарисеите доведоа една жена, фатена во прељуба, откако ја поставија насредина, 4 Му рекоа: „Учителе, женава е фатена во самото дело на прељуба. 5 А Мојсеј ни нареди во Законот да ги убиваме со камења таквите; а Ти што велиш?” 6 Тоа го рекоа за да Го искушаат, за да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна и пишуваше со прстот по земјата. 7 Но бидејќи и натаму Го прашуваа, се исправи и им рече: „Кој е од вас безгрешен, нека прв фрли камен врз неа!” 8 И пак се наведна и пишуваше по земјата. 9 А тие, кога го чуја тоа, бидејќи совеста ги убеди, излегуваа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните. И Исус остана Сам со жената, која стоеше насреде. 10 Исус се исправи и и рече: „Жено, каде се? Ниеден ли не те осуди?” 11 Таа одговори: „Ниеден, Господи.” Исус рече: „Ни Јас не те осудувам, оди си и отсега не греши веќе.” 12 Исус пак прозбори натаму, велејќи: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.” 13 Затоа фарисеите Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе Твоето сведоштво не е вистинско.” 14 Исус во одговор им рече: „Иако сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде дојдов и каде одам, а вие не знаете од каде дојдов и каде одам. 15 Вие судите според телото; Јас не му судам никому. 16 И ако и судам Мојот суд е вистински, зашто не Сум Сам, туку - Јас и Мојот Татко, Кој Ме прати. 17 И во вашиот закон пишува дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско. 18 Јас сведочам за Себе и Мојот Татко, Кој Ме прати, сведочи за Мене.” 19 Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?” Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко; ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.” 20 Овие зборови ги кажа, при ризницата, кога поучуваше во Храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час. 21 И Исус им рече пак: „Јас си одам и ќе Ме барате, и ќе умрете во својот грев. Каде одам Јас - вие не можете да дојдете.” 22 Затоа Јудејците рекоа: „Да не се самоубие, зашто вели: ‘Каде одам Јас - вие не можете да дојдете?’” 23 Им рече уште: „Вие сте од долу, Јас Сум одозгора; вие сте од светов, Јас не Сум од светов. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; зашто ако не поверувате дека Сум Јас, ќе умрете во своите гревови.” 25 Тогаш Го прашаа: „Кој си Ти?” Исус им рече: „Имено тоа, кое ви зборувам од почетокот. 26 Имам многу да зборувам и да судам за вас; но вистински е Оној, Кој Ме испрати, и Јас му го кажувам на светот, она, што сум го чул од Него.” 27 Не сфатија дека им зборува за Таткото. 28 Затоа Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Човечкиот Син, тогаш ќе сознаете дека тоа Сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку дека зборувам она што Татко Ми Ме научи. 29 Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.” 30 Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него. 31 Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици; 32 и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.” 33 Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’ 34 Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот. 35 А робот не останува дома довека; Синот останува довека. 36 И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни. 37 Знам дека сте Авраамово потомство; но пак барате да Ме убиете, зашто Моето слово нема место во вас. 38 Јас го зборувам тоа што сум го видел кај Татко Ми. Исто и вие правите што сте чуле од вашиот татко.” 39 Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте Авраамови чеда, ќе ги вршевте Авраамовите дела. 40 А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Авраам не направи така. 41 Вие ги вршите делата на татка си.” Ние не сме родени од блудство; имаме еден Татко - Бог.” 42 Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, ќе Ме љубевте Мене; зашто Јас од Бога излегов и дојдов; и не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати. 43 Зошто не го разбирате Моето зборување? Затоа што не можете да ја слушате Мојата наука. 44 Вие потекнувате од вашиот татко - ѓаволот, и сакате да ги исполнувате желбите на татка си. Тој беше човекоубиец од почеток и не остана во вистината, зашто нема вистина во него. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата. 45 Не Ми верувате Мене, зашто ви ја зборувам вистината. 46 Кој од вас Ме обвинува за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не Ми верувате? 47 Кој е од Бога, ги слуша Божјите зборови; затоа вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.” 48 Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли ние право, дека Ти си Самарјанец и дека имаш бес?” 49 Исус одговори: „Јас немам бес, туку Го почитувам Мојот Татко, а вие Ме срамите. 50 Јас не ја барам Мојата Слава; има Кој бара и суди. 51 Вистина, вистина ви велам, ако некој го запази Моето слово, нема да види смрт довека.” 52 Јудејците Му рекоа: „Сега знаеме, дека имаш нечист дух во Тебе. Авраам почина, и пророците исто, а Ти велиш: ‘Ако некој го запази Моето слово, нема да ја вкуси смртта довека.’ 53 Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам - кој умре? И пророците умреа. За кого се претставуваш Ти Самиот?” 54 Исус одговори: „Ако Јас се прославувам Самиот Себе, Мојата слава е ништо; Мене Ме слави Мојот Татко, за Кого вие велите дека е ваш Бог. 55 Вие не Го запознавте, а Јас Го познавам. И ако речам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како и вас; но Јас Го познавам и го пазам Неговото слово. 56 Авраам, вашиот татко, се радуваше да го види Мојот ден, и го виде и се зарадува.” 57 Јудејците Му рекоа: „Уште немаш педесет години, и Авраама си го видел?” 58 Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум, пред да се родил Авраам.” 59 Тогаш кренаа камења, за да ги фрлат на Него; но Исус се скри и излезе од Храмот.
1 И кога заминуваше виде човек слеп од раѓање. 2 И Неговите ученици Го прашаа: „Рави, кој згрешил, тој или неговите родители, та се родил слеп?” 3 Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него. 4 Ние треба да ги извршуваме делата на Оној, Кој Ме прати, додека е ден; доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. 5 Додека Сум во светот, Светлина Сум на светот.” 6 Штом го рече тоа, плукна на земјата, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи, 7 и му рече: „Оди, изми се во бањата Силоам; што значи: „Пратен”. Тој отиде, се изми и дојде прогледан. 8 А соседите и оние, кои го гледаа порано како просјак, велеа: „Зар не е овој, кој седеше и просеше?” 9 Едни велеа: „Тој е;” други велеа: „Не, а личи на него.” Тој велеше: „Јас сум!” 10 Тогаш му рекоа: „Како ти се отворија очите?” 11 Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.” 12 Му рекоа: „Каде е Тој?” Рече: „Не знам.” 13 Го одведоа некогашниот слепец при фарисеите. 14 А беше сабота, кога Исус направи кал и му ги отвори очите. 15 Тогаш пак го прашаа и фарисеите - како прогледал! Тој им рече: „Ми стави кал на очите, се измив и гледам.” 16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој Човек не е од Бога, не ја празнува саботата.” Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана раздор меѓу нив. 17 Тогаш пак му рекоа на слепиот: „Што велиш ти за Оној, Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е!” 18 Но Јудејците не поверуваа дека бил слеп и дека прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној, кој прогледал, 19 и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како гледа сега?” 20 Неговите родители одговорија: „Знаеме дека овој е нашиот син, и дека се роди слеп; 21 а како гледа сега, не знаеме; или - кој му ги отвори очите - ние не знаеме. Прашајте го него, тој е возрасен, самиот нека зборува за себе.” 22 Ова го рекоа неговите родители, зашто се боеја од Јудејците; бидејќи Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата оној, кој ќе Го признае дека е Христос. 23 Заради тоа неговите родители рекоа: „Возрасен е! Прашајте го него!” 24 Тогаш повторно го повикаа човекот, кој беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Тој Човек е грешник.” 25 А тој им одговори: „Дали е грешник - не знам; едно знам, дека бев слеп, а сега гледам.” 26 Тогаш му рекоа пак: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?” 27 Им одговори: „Веќе ви реков, и не чувте; што сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да Му станете ученици?” 28 Тие го укорија и рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. 29 Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеја; а од каде е Овој, не знаеме.” 30 Човекот им одговори и рече: „Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а ги отвори моите очи. 31 Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку, ако е некој богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша. 32 Откако е веков не се чуло некој да отворил очи на слепороден; 33 ако Тој не беше од Бога, не би можел да направи ништо.” 34 Му одговорија и рекоа: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе нè учиш нас?” И го истераа надвор. 35 Исус чу дека го истерале надвор, го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?” 36 Тој одговори и рече: „А Кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?” 37 Исус му рече: „Си Го видел, Кој зборува со тебе - Тој е.” 38 А тој рече: „Верувам Господи”, и Му се поклони. 39 Тогаш Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за суд, а да прогледаат кои не гледаат и за да ослепат кои гледаат. „ 40 Некои од фарисеите, кои беа со Него, го чуја тоа и Му рекоа: „Да не сме и ние слепи?” 41 Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да имате грев; но сега велите: ‘Гледаме;’ затоа гревот ви останува.”
1 „Вистина, вистина ви велам, кој не влегува низ вратата во овчарникот, а прескокнува од друга страна, тој е крадец и разбојник. 2 А кој влегува низ вратата пастир е на овците. 3 Нему вратарот му отвора, а овците го слушаат неговиот глас, и ги вика своите овци по име и ги изведува. 4 Кога ќе ги истера своите овци, оди пред нив и овците одат по него, зашто го познаваат неговиот глас. 5 По туѓинец никако не одат, туку ќе побегнат од него, зашто не го познаваат гласот на туѓинците.” 6 Исус им ја кажа оваа споредба, но тие не разбраа што беше тоа за кое им зборуваше. 7 Исус им рече пак: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум вратата на овците. 8 Сите, кои дојдоа пред Мене, се крадци и разбојници; но овците не ги послушаа. 9 Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште. 10 Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.” 11 ”Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците. 12 Наемникот, кој не е овчар, кому овците не му припаѓаат, го гледа волкот како доаѓа, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува; 13 зашто е наемник и не се грижи за овците. 14 Јас Сум Добриот Пастир: и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене. 15 Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците. 16 И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир. 17 Таткото Ме љуби затоа, што Јас го давам Својот живот, за да го земам пак. 18 Никој не Ми го одзема, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак. Оваа заповед ја примив од Мојот Татко.” 19 Заради тие зборови пак настана раздор меѓу Јудејците. 20 Мнозина од нив велеа: „Опфатен е од демон и безумствува, зошто Го слушате?” 21 Други велеа: „Тоа не се зборови на опфатен од демон. Може ли демон да отвора очи на слепци?” 22 Тогаш во Ерусалим се празнуваше Посветување; беше зима. 23 А Исус одеше по Соломоновиот трем на Храмот. 24 Тогаш Јудејците Го опкружија и Му рекоа: „До кога ќе ни ја измачуваш душата? Ако си Ти Христос, кажи ни слободно!” 25 Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што Јас ги правам - во името на Мојот Татко - сведочат за Мене. 26 Но, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци. 27 Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам, и тие идат по Мене. 28 Јас им давам вечен живот и никако нема да загинат и никој нема да ги грабне од Мојата рака. 29 Мојот Татко - Кој ми ги даде - е поголем од сите, и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко. 30 Јас и Татко Ми едно сме.” 31 Јудејците пак донесоа камења, за да Го убијат со камења. 32 Исус им одговори: „Ви покажав многу добри дела од Мојот Татко; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?” 33 Јудејците Му одговорија: „Не Те каменуваме заради добро дело, туку заради богохулство - зашто Ти, бидејќи човек, се правиш Бог.” 34 Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: ‘Јас реков: богови сте?’ 35 Ако ги наречува богови оние, на кои им беше упатено Божјото Слово - а Писмото не може да биде нарушено - 36 зошто вие Му велите дека хули на Бога Оној, Кого Таткото Го посвети и Го испрати во светот, - зашто реков: ‘Јас Сум Божји Син?’ 37 Ако не ги правам делата на Мојот Татко, не верувајте Ми. 38 А ако ги вршам, верувајте им на делата, ако Мене не Ми верувате, за да сознаете и познаете дека Таткото е во Мене и Јас во Него!” 39 Тогаш сакаа пак да Го фатат, но им избега од рацете. 40 И пак отиде преку Јордан, каде што Јован крштаваше отпрвин, и остана таму. 41 И мнозина дојдоа при Него и рекоа: „Јован не направи ниедно чудо, но сè што рече Јован за Него, беше вистина.” 42 И таму мнозина поверуваа во Него.
1 Беше и еден болен, Лазар од Витанија, од селото на Марија и сестра и Марта. 2 А Марија - чиј брат Лазар беше болен - беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша Неговите нозе со својата коса. 3 И така, сестрите пратија до Него да Му кажат: „Господи, ете, болен е оној кого го љубиш.” 4 А штом Исус го чу тоа, рече: „Болеста не е смртоносна, туку за Божја слава, за да се прослави Божјиот Син.” 5 А Исус ги љубеше: Марта, и нејзината сестра, и Лазара. 6 И кога чу дека е болен, остана тогаш уште два дена во местото, каде се наоѓаше. 7 Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја.” 8 Учениците Му рекоа: „Рави, Јудејците сега сакаа да Те убијат со камења, а Ти пак одиш онаму?” 9 Исус одговори: „Зар денот нема дванаесет часови? Ако некој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет; 10 а ако некој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него. 11 Тоа им рече, а потоа продолжи: „Нашиот пријател Лазар заспа; туку, одам да го разбудам.” 12 Тогаш учениците Му рекоа: „Господи, ако заспал, ќе оздрави.” 13 Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за починка во сон. 14 Тогаш Исус им рече јасно: „Лазар умре; 15 и се радувам заради вас, дека не бев таму, - за да поверувате; туку, да отидеме при него.” 16 Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на соучениците: „Да отидеме и ние да умреме со Него!” 17 Исус пак дојде и најде дека е четири дена во гробот. 18 А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; 19 и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за братот. 20 Штом чу Марта дека доаѓа Исус, Му излезе во пресрет; а Марија седеше дома. 21 Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше тука, не ќе умреше брат ми. 22 И сега знам дека Бог ќе Ти даде, што и да помолиш од Бога.” 23 Исус и рече: „Твојот брат ќе воскресне.” 24 Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне, при воскресението, во последниот ден.” 25 Исус и рече: „Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене - и да умре - ќе живее. 26 И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли во ова?” 27 Му рече: „Да, Господи; јас верувам дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој треба да дојде во светов.” 28 Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и и рече скришно: „Учителот е тука и те вика!” 29 И таа, штом го чу тоа, стана брзо и отиде при Него; 30 имено, Исус уште не беше дошол во селото, туку беше на местото, каде Го сретна Марта. 31 Јудејците пак, кои беа со неа дома и ја утешуваа, штом видоа дека Марија стана бргу и излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот, за да плаче таму. 32 А кога Марија дојде таму, каде што беше Исус и кога Го виде падна пред Неговите нозе и Му рече: „Господи, да беше тука, немаше да умре брат ми.” 33 Кога Исус ја виде како плаче, и како плачат Јудејците, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе 34 и рече: „Каде го положивте?” Му рекоа: „Господи, дојди и види!” 35 Исус просолзи. 36 Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го љубел!” 37 А некои од нив рекоа: „Не можеше ли Овој, Кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?” 38 А Исус пак се растажи силно во Себеси и дојде на гробот; а тоа беше пештера и камен навален на неа. 39 Исус рече: „Поместете го каменот!” Марта, сестрата на покојниот, Му рече: „Господи, веќе смрди, зашто е четири дни во гробот.” 40 Исус и рече: „Не ли ти реков дека ќе ја видиш Божјата слава, ако веруваш?” 41 Тогаш го поместија каменот, а Исус ги подигна очите нагоре и рече: „Татко, Ти благодарам, што Ме послуша. 42 Јас знаев дека секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот, кој стои тука, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.” 43 Откако го рече тоа, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!” 44 Умрениот излезе, завиткан со повои по рацете и нозете, а лицето му беше забрадено со крпа. Исус им рече: „Одвиткајте го и оставете го да оди!” 45 Тогаш мнозина од Јудејците, кои дојдоа со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него; 46 а некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус. 47 Затоа свештеничките главатари и фарисеите го свикаа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Зашто Овој човек прави многу чудеса? 48 Ако Го оставиме така, сите ќе веруваат во Него, и Римјаните ќе дојдат и ќе ни ги одземат и земјата и народот!” 49 А еден од нив, Кајафа, кој беше првосвештеник во таа година, им рече: „Вие не знаете ништо, 50 ниту помислувате, дека е подобро за вас да умре еден човек за народот, а не сиот народ да пропадне.” 51 А ова не го рече сам од себе, туку - како првосвештеник во таа година - прорече, дека Исус ќе умре за народот, 52 и не само за народот, туку и за да ги собере во едно распрснатите Божји деца. 53 Така, по тој ден, се договорија да Го убијат. 54 Затоа Исус веќе не се движеше јавно меѓу Јудејците, туку отиде оттаму во крај близу до пустината, во градот наречен Ефрем, и таму престојуваше со учениците. 55 А наближуваше јудејската Пасха, па мнозина од внатрешноста отидоа горе во Ерусалим, пред Пасхата, за да се очистат. 56 Го бараа Исуса, и стоејќи во Храмот, зборуваа меѓу себе: „Што мислите вие? Нема ли да дојде на празникот?” 57 А главните свештеници и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.
1 На шест дни пред Пасхата, Исус дојде во Витанија, каде беше Лазар, кого го воскресна од мртвите. 2 Таму Му приготвија вечера, и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние кои со Него седеа покрај трпезата. 3 Тогаш Марија зеде литар миро, од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и Му ги избриша нозете со својата коса; и куќата се наполни со мирис од мирото. 4 А Јуда Искариотски, еден од Неговите ученици, кој сакаше да Го предаде, рече: 5 ”Зошто мирово не е продадено за триста динарии, за да бидат раздадени на сиромасите?” 6 Тоа не го рече дека се грижеше за бедните, туку зашто беше крадец; кај него беше ковчежето и земаше од она, што пуштаа во него. 7 Но Исус рече: „Оставете ја! Нека го запази тоа за денот на Моето погребение. 8 Зашто сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.” 9 Многу Јудејци научија дека е таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого го воскресна од мртвите. 10 Главните свештеници пак одлучија да го убијат и Лазара, 11 зашто многу Јудејци заминуваа заради него и веруваа во Исуса. 12 На другиот ден, множество народ, што беше дошол на празникот, кога чу дека Исус доаѓа во Ерусалим, 13 зеде палмини гранки и Му излезе во пресрет и викаше: „Осана! Благословен Кој доаѓа во Господовото име, Израелевиот Цар!” 14 А Исус најде осле, и седна на него, како што е напишано: 15 ”Не бој се, Сионова Ќерко! Еве, твојот Цар иде, седејќи на осле.” 16 Неговите ученици не го разбраа тоа отпрвин, но кога Исус се прослави, тогаш се сетија, дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му Го сторија. 17 А народот, кој беше со Него, сведочеше дека Тој го повика Лазара од гробот и го воскресна од мртвите. 18 Заради тоа народот и Му излезе во пресрет, зашто чуја дека Тој го направи тоа чудо. 19 Фарисеите пак си рекоа меѓу себе: „Гледате дека не можете ништо; ете, светот тргна по Него.” 20 Меѓу поклониците, дојдени на празникот, имаше и некои Грци. 21 Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Галилејска Витсаида, и го помолија, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса. 22 Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и Му кажаа на Исуса. 23 А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син. 24 Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод. 25 Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. 26 Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.” 27 Сега, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, избави Ме од овој час! - Но, заради тоа и дојдов до овој час! 28 Татко, прослави го Твоето име! Тогаш дојде глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам.” 29 А народот, кој стоеше и го чу, рече: „Загрми!”- а други рекоа: „Ангел Му говори!” 30 Исус во одговор рече: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас. 31 Сега е судот на овој свет. Сега кнезот на светов ќе биде исфрлен надвор! 32 А Јас - кога ќе бидам издигнат од земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.” 33 Тоа го рече за да покаже со каква смрт ќе умре. 34 Тогаш народот Му одговори: „Ние чувме од Законот дека Христос останува вечно. Тогаш, како велиш Ти дека Човечкиот Син треба да биде издигнат? Кој е тој Човечки Син?” 35 Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е меѓу вас! Одете додека имате светлина, за да не ве опфати темнината! Кој оди по темнина, не знае каде оди. 36 Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината.” Исус го рече тоа, па отиде и се сокри од нив. 37 Иако направи толку чуда пред нив, не веруваа во Него, 38 за да се исполни словото, што го рече пророкот Исаија: „Господи, кој и поверува на нашата проповед? И кому му се откри Господовата рака?” 39 Затоа не можеа да веруваат, зашто Исаија уште рече: „ 40 Им ги заслепи очите, и им ги скамени срцата; за да не гледаат со очите, за да не разбираат со срцето; и за да не се обратат - и да не ги излечам.” 41 Исаија го рече тоа, зашто ја виде Неговата слава и зборуваше за Него. 42 Сепак, мнозина од првенците поверуваа во Него, но заради фарисеите не исповедуваа јавно, за да не бидат исфрлени од синагогата; 43 зашто повеќе ја сакаа човечката слава, отколку Божјата слава. 44 А Исус извика и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној, Кој Ме пратил. 45 И кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, Кој Ме прати. 46 Јас - Светлината - дојдов во светот, та ниеден, кој верува во Мене, да не остане во темнина. 47 И ако некој ги чуе Моите зборови, а не ги пази - Јас нема да му судам: зашто не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам светот. 48 Кој Ме отфрла Мене и не ги прима Моите зборови, има свој судија: Словото - што го изговорив - тоа ќе му суди во последниот ден. 49 Зашто Јас не зборував Сам од Себе, туку Мојот Татко, Кој Ме прати, Тој Ми даде заповед што да речам и што да зборувам. 50 И знам дека Неговата заповед е вечен живот. И така, што зборувам Јас; зборувам онака како што Ми зборуваше Мојот Татко.”
1 Пред празникот Пасха, Исус - знаејќи дека Му дојде часот за да премине од овој свет кон Таткото - љубејќи ги Своите во светов, ги возљуби до крај. 2 За време на вечерата - кога ѓаволот веќе стави мисла во срцето на Јуда Симонов, Искариотски, за да Го предаде - 3 Исус, знаејки дека Таткото Му предаде сè во рацете, дека излезе од Бога и дека оди при Бога 4 стана од вечерата, ја соблече горната облека, зеде крпа и се препаша. 5 Потоа налеа вода во садот за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која беше препашан. 6 Така дојде до Симона Петра; а овој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?” 7 Исус одговори и Му рече: „Ти сега не знаеш што правам Јас, но после ќе разбереш.” 8 Петар Му рече: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!” Исус му одговори: „Ако не те измијам, немаш дел со Мене.” 9 Симон Петар Му рече: „Господи, измиј ми ги не само нозете, туку и рацете и главата.” 10 Исус му рече: „На измиениот треба да му се измијат само нозете, зашто е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.” 11 Зашто знаеше кој ќе Го предаде, затоа и рече: „Не сите сте чисти!” 12 А кога им ги изми нозете, ја зеде својата горна облека и пак седна на трпезата и им рече: „Разбравте ли, што ви сторив? 13 Вие Ме викате Мене Учител и Господ, и право велите, зашто тоа Сум. 14 И така, ако Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да ги миете нозете еден на друг; 15 зашто ви дадов пример и вие да правите онака, како што ви направив Јас. 16 Вистина, вистина ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној, кој го пратил. 17 Кога го знаете ова, блажени сте - ако го исполнувате тоа. 18 Не зборувам за сите вас; Јас знам кои ги избрав; туку треба да се исполни Писмото: ‘Кој го јаде Мојот леб, ја подига својата петица против Мене.’ 19 Отсега ви зборувам, пред да се збидне, за да поверувате - кога ќе се случи - дека Сум Јас. 20 Вистина, вистина ви велам: кој го прима оној, кого Јас го праќам, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил Мене.” 21 Штом го рече тоа, Исус се возбуди во духот, па посведочи и рече: „Вистина, вистина ви велам: дека еден од вас ќе Ме предаде.” 22 Тогаш учениците се погледнаа еден со друг со двоумење за кого зборува. 23 А еден од Неговите ученици, кого Исус го љубеше, беше прилегнал на Исусовите гради; 24 тогаш Симон Петар му даде знак и му рече: „Кажи, за кого зборува!” 25 Така, тој се потпре на Исусовите гради и му рече: „Господи, кој е?” 26 Исус одговори: „Тоа е оној, кому ќе му натопам залак, и ќе му го подадам.” И го натопи залакот, го зеде и му го даде на Јуда Симонов Искариот. 27 И откако го зеде залакот, сатаната влезе во него. Исус пак му рече: „Што правиш, прави побргу!” 28 Но никој од оние, што седеа покрај трпезата, не разбра, зошто му го рече тоа. 29 Но, бидејќи кај Јуда беше благајната, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни е потребно за празникот!” или да раздаде нешто на сиромасите. 30 Штом го зеде залакот, Јуда излезе веднаш, а беше ноќ. 31 А кога излезе, Исус рече: „Сега се прослави Човечкиот Син, и Бог се прослави во Него. 32 Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави. 33 Дечиња, уште малку сум со вас; ќе Ме барате, и како што им реков на Јудејците: каде одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви го велам тоа сега. 34 Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг. 35 По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов помеѓу себе!” 36 Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?” Исус му одговори: „Каде одам Јас, ти сега не можеш да тргнеш по Мене, но подоцна ќе Ме следиш.” 37 Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да дојдам по Тебе сега? Својот живот ќе го дадам за Тебе.” 38 Исус одговори: „Својот живот ли ќе го дадеш за Мене? Вистина, вистина ти велам, петел нема да пропее, додека трипати не се одречеш од Мене.”
1 „Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене! 2 Во Домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. 3 И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас. 4 А знаете каде одам Јас, и патот го знаете.” 5 Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш! Како можеме да го знаеме патот?” 6 Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене. 7 Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Татко. А отсега Го познавате и сте Го виделе!” 8 Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ние.” 9 Исус му рече: „Толку време Сум со вас и не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото; тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни Го Таткото!’ 10 Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата. 11 Верувајте Ми дека Јас Сум во Таткото и Таткото во Мене; ако пак не - верувајте заради самите дела. 12 Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко. 13 И што и да побарате во Мое име, ќе направам, за да се прослави Таткото во Синот. 14 Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.” 15 ”Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди. 16 И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: 17 Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас. 18 Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас. 19 Уште малку, и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме видите; зашто Јас живеам и вие ќе живеете. 20 Во оној ден ќе сознаете дека Јас Сум во Мојот Татко, и вие во Мене и Јас во вас. 21 Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко, и Јас ќе го љубам, и ќе му се јавам Сам.” 22 Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?” 23 Исус во одговор му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот Татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме. 24 Кој не Ме љуби, не ги држи Моите зборови; а Словото што го слушате, не е Мое, туку е од Мојот Татко, Кој Ме испрати.” 25 ”Ова ви го зборував, додека бев при вас; 26 а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков. 27 Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои. 28 Чувте дека ви реков: Одам и ќе ви дојдам. Ако Ме љубите, ќе се зарадувате дека одам при Мојот Татко, зашто Таткото е поголем од Мене. 29 И ви реков сега, пред да се збидне, за да поверувате кога ќе се збидне. 30 Не ќе зборувам уште многу со вас, зашто доаѓа кнезот на овој свет; тој нема ништо во Мене; 31 но, за да сознае светот дека Јас Го љубам Таткото и дека правам, како што Ми заповеда Мојот Татко! Станете! Да си одиме оттука!”
1 Јас Сум вистинската лоза и Мојот Татко е лозарот. 2 Тој ја отстранува секоја прачка на Мене, што не дава плод; а ја чисти секоја, што дава плод, за да даде повеќе плод. 3 Вие сте веќе чисти заради Словото, кое ви го зборував. 4 Останете во Мене како Јас во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене. 5 Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. 6 Ако некој не остане во Мене, тој ќе биде исфрлен надвор како прачката, која е исушена, - ги собираат, ги фрлаат во оган и ги горат. 7 Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде. 8 Мојот Татко се прославува со тоа, што ќе давате многу плод и ќе бидете Мои ученици. 9 Како што Таткото Ме возљуби Мене, така и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! 10 Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов. 11 Ова ви го реков за да биде Мојата радост во вас, и вашата радост да биде полна. 12 Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас. 13 Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели. 14 Вие сте Ми пријатели - ако го вршите она, што Јас го заповедам. 15 Не ве наречувам веќе слуги; зашто слугата не знае што прави неговиот господар; а вас ве нареков пријатели, зашто ви соопштив сè што чув од Мојот Татко. 16 Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Татко да ви даде сè што ќе посакате во Мое име. 17 Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!” 18 ”Ако светот ве мрази, знајте дека Мене Ме мразеше пред вас! 19 Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов - туку Јас ве избрав од светот - затоа светот ве мрази. 20 Помнете го зборот што ви го реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако Ме гонеа Мене, ќе ве гонат и вас; ако го пазеа Моето Слово, ќе го пазат и вашето. 21 Туку, сè ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познават Оној, Кој Ме пратил. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да имаат грев; но сега немаат изговор за својот грев. 23 Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Татко. 24 Да не направев, меѓу нив дела какви никој друг не направил, немаше да имаат грев; но сега видоа и пак нè замразија Мене и Мојот Татко. 25 Туку, треба да се исполни словото, запишано во нивниот Закон: ‘Ме замразија без причина!’ 26 ”А кога ќе дојде Утешителот, Кого Јас ќе ви Го испратам од Таткото, Духот на Вистината, Кој излегува од Таткото, Тој ќе сведочи за Мене; 27 а и вие ќе сведочите, зашто сте со Мене од почетокот.”
1 „Ова ви го кажав, за да не се соблазните. 2 Ќе ве истеруваат од синагогите; а ќе дојде час, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му служи на Бога. 3 А тоа ќе го прават затоа што не Го запознаа Мојот Татко, ниту Мене. 4 А Јас ви го кажав ова, за да се сетите, кога ќе дојде времето, дека ви го реков тоа. Ова не ви го реков од почеток, зашто бев со вас.” 5 ”А сега одам при Оној, Кој Ме пратил, и никој од вас не Ме праша: ‘Каде одиш?’ 6 Туку, вашето срце се наполни со тага, зашто ви го кажав тоа. 7 Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам. 8 А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд. 9 За грев - зашто не веруваат во Мене; 10 за правда - зашто си одам при Мојот Татко, и веќе нема да Ме видите; 11 за суд - зашто е осуден кнезот на овој свет. 12 Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите. 13 А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува Сам од Себе, а ќе зборува она што слуша, и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат. 14 Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави. 15 Сè што има Таткото - Мое е; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви јави.” 16 Уште малку и веќе не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите. 17 А некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што е тоа, што ни вели: ‘Уште малку, и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ и ‘Си одам при Мојот Татко?’ 18 И си зборуваа: „Што е тоа ‘малку’ за кое зборува? Не знаеме што зборува!” 19 Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ 20 Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост. 21 Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот. 22 Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе. 23 Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде. 24 Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.” 25 Ова ви го зборував во слики; доаѓа час кога нема да ви зборувам веќе во слики, туку ќе ви зборувам отворено за Таткото. 26 Во тој ден ќе барате во Мое име; и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас; 27 зашто Самиот Татко ве љуби, зашто вие Ме љубевте Мене и верувавте дека Јас Сум излегол од Бога. 28 Излегов од Таткото и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Таткото.” 29 Неговите ученици рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено, и не зборуваш во слики. 30 Сега знаеме дека знаеш сè и нема потреба некој да Те прашува; затоа веруваме дека си излегол од Бога.” 31 Исус им одговори: „Сега ли верувате? 32 Еве, иде часот, и веќе дојде, за да се разбегате секој на своја страна и да Ме оставите Мене Сам; но сепак не Сум Сам, зашто Татко Ми е со Мене. 33 Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Имате неволја во светот; но бидете храбри - Јас го победив светот.”
1 Кога Исус го изговори тоа, ги подигна очите кон небото и рече: „Татко, часот дојде! Прослави Го Својот Син, за да Те прослави Синот Тебе, 2 како што си му дал власт над секое тело, па да му даде на сè - што си Му дал - вечен живот. 3 А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, Кого си Го испратил. 4 Јас Те прославив на земјата, го свршив делото, што Ми го даде да го извршам; 5 а сега, Татко, прослави Ме Ти - во Себе Самиот - со славата што ја имав при Тебе, пред создавањето на светот.” 6 ”Им го јавив Твоето Име на луѓето, кои Ми ги даде од светот. Твои беа, и Ми ги даде Мене, и го запазија Твоето Слово. 7 Сега сознаа дека е од Тебе сè, што си Ми дал; 8 зашто зборовите, што Ми ги даде, им ги предадов ним, а тие ги примија и навистина сознаа дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати. 9 Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои, 10 и сè Мое - е Твое, и Твоето - Мое; и се прославив во нив. 11 И не Сум повеќе во светот, а тие се во светот, Јас идам при Тебе. Свети Татко, запази ги во Твое име оние, кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние. 12 Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние, кои Ми ги даде, и ги запазив, па ниеден од нив не погина, освен синот на гибелта за да се исполни Писмото. 13 А сега идам при Тебе, и го зборувам ова во светот, за да ја имаат Мојата радост полна во себе. 14 Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот. 15 Не Те молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од лукавиот. 16 Тие не се од светот, како што ни Јас не Сум од светот. 17 Освети ги во Својата вистина, Твоето Слово е вистината. 18 Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот; 19 За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината. 20 Но не се молам само за нив, туку и за оние, кои преку нивните зборови - ќе веруваат во Мене, 21 за да бидат сите едно; како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат едно во Нас, за да верува светот дека Ти Ме испрати. 22 И славата што Ми ја даде, им ја дадов ним, за да бидат едно, како што Сме Ние едно; 23 Јас во нив, а Ти во Мене, за да бидат совршени во едно, за да знае светот дека Ти си Ме испратил, и дека ги љубеше нив, како што Ме љубеше Мене. 24 Татко, сакам оние, кои си Ми ги дал, да бидат со Мене таму каде што Сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава, што Ми ја даде, зашто Ме љубеше пред создавањето на светот. 25 Праведен Татко, светот не Те запозна, а Јас Те запознав, и овие познаа дека Ти си Ме пратил. 26 Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме возљуби, да биде во нив, и Јас во нив.”
1 Штом го рече тоа, Исус излезе со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде имаше градина, во која влезе со Своите ученици. 2 А Јуда, Неговиот предавник, го знаеше тоа место, зашто Исус често се состануваше со Своите ученици таму. 3 Тогаш Јуда зеде чета и служители од првосвештениците и од фарисеите, и дојде таму со светилки, факли и оружје. 4 А Исус, знаејќи сè што ќе стане со Него, истапи и им рече: „Кого го барате?” 5 Му одговорија: „Исуса Назареецот.” Исус им рече: „Јас Сум.” А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник. 6 А кога им рече: „Јас Сум”, се тргнаа назад и паднаа на земјата. 7 Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?” А тие рекоа: „Исуса Назареецот!” 8 Исус им одговори: „Ви реков дека Сум Јас; и така, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!” 9 За да се исполни словото, што го рече: „Не изгубив ни еден од оние, кои си Ми ги дал.” 10 А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво; а името на слугата му беше Малх. 11 Тогаш Исус му рече на Петра: „Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја пијам чашата, што ми ја даде Мојот Татко?” 12 Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исуса и Го врзаа, 13 и Го одведоа првин при Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој беше првосвештеник во онаа година. 14 А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот. 15 По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор. 16 А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра. 17 Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?” Тој рече: „Не сум.” 18 А слугите и служителите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше. 19 Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука. 20 Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно. 21 Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.” 22 Кога го рече тоа, еден од присутните службеници Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?” 23 Исус му одговори: „Ако реков лошо, докажи дека е лошо; а ако реков добро, зошто Ме удираш?” 24 Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа. 25 А Симон Петар стоеше таму и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од Неговите ученици?” Тој одрече: „Не сум.” 26 Еден од слугите на првосвештеникот, роднина на оној, кому Петар му го отсече увото, рече: „Нели јас те видов во градината со Него?” 27 Но Петар одрече повторно, и веднаш запеа петел. 28 Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата. 29 Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?” 30 Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.” 31 А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.” Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,” 32 - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре. 33 Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Јудејскиот Цар?” 34 Исус одговори: „Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?” 35 Пилат одговори: „Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си сторил?” 36 Исус одговори: „Моето Царство не е од светов; ако Моето Царство беше од овој свет, Моите воини би се бореле да не им бидам предаден на Јудејците; но Моето Царство не е оттука.” 37 Пилат на тоа му рече: „Сепак си Цар?” Исус одговори: „Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој - кој е од вистината - го слуша Мојот глас.” 38 Пилат Му рече: „Што е вистина?” Штом го рече тоа, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него. 39 А при вас е обичај да ви пуштам по еден на Пасхата. И така, сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?” 40 Тогаш повторно извикаа, велејќи: „Не Овој, туку Варава!” А Варава беше разбојник.
1 Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше. 2 А војниците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека, 3 и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!” И Му удираа плесници. 4 Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.” 5 А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!” 6 Но, кога првосвештениците и нивните службеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!” Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.” 7 Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.” 8 А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши. 9 И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му одговори. 10 Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам? 11 Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.” 12 Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!” 13 Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата. 14 А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!” 15 Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!” 16 Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса. 17 А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота; 18 каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. 19 А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.” 20 Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки. 21 Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’ 22 Пилат одговори: „Што напишав, напишав!” 23 А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; 24 си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците. 25 А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. 26 А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!” 27 Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе. 28 По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!” 29 Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. 30 Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот. 31 Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. 32 Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него; 33 и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, 34 туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. 35 И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие. 36 Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.” 37 А на друго место Писмото вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!” 38 Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусовото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело. 39 А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. 40 Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено платно со мириси. 41 А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен. 42 Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу.
1 Во првиот ден на седмицата, многу рано додека уште беше темнина, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен. 2 Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле.” 3 А Петар и другиот ученик излегоа и одеа кон гробот. 4 Имено, и двајцата трчаа заедно; но другиот ученик трчаше побргу од Петра и стигна прв до гробот. 5 Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре. 6 По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите, како лежат; 7 а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место. 8 Тогаш влезе и другиот ученик - кој стигна прв до гробот - и виде и поверува. 9 Зашто уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите. 10 Тогаш учениците пак се вратија дома. 11 А Марија стоеше надвор, при гробот и плачеше; така, додека плачеше, погледна во гробот 12 и виде два ангела, како седат во бели облеки, таму каде лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот при нозете. 13 Тие и рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им рече: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле?” 14 Откако го рече тоа, се обѕрна и Го виде Исуса, како стои; но не знаеше дека е Исус. 15 Исус и рече: „Жено, зошто плачеш? Кого Го бараш?” Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: „Господине, ако Го изнесе ти, кажи ми каде Го положи, и јас ќе Го земам!” 16 Исус и рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни!”- што значи: „Учителе!” 17 Исус и рече: „Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при Моите браќа и речи им: ‘Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог.’ 18 Марија Магдалена дојде и им јави на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа и рекол. 19 А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!” 20 Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа. 21 Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!” 22 Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух! 23 На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!” 24 А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус. 25 Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!” А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.” 26 А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!” 27 Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!” 28 Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!” 29 Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.” 30 И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава; 31 а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име.
1 Потоа Исус им се јави пак на учениците, на Тиверијадското Море; имено, им се јави вака: 2 Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска и Зеведеевите синови, и други двајца од Неговите ученици, беа заедно. 3 Симон Петар им рече: „Одам да ловам риби!” Му рекоа: „Доаѓаме и ние со тебе.” Така излегоа и влегоа во кораб, но таа ноќ не фатија ништо. 4 А кога се разденуваше, Исус застана на брегот; но учениците не знаеја дека е Исус. 5 Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?” Му одговорија: „Немаме.” 6 А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата оддесно на коработ и ќе најдете.” И така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од мноштво риби. 7 Тогаш ученикот - кого Исус го љубеше - му рече на Петра: „Господ е.” Штом Симон Петар чу дека е Господ, си ја препаша облеката, зашто беше необлечен, и скокна во морето. 8 А другите ученици дојдоа со коработ - влечејќи ја мрежата со рибите, зашто не беа далеку од копното, туку околу двеста лакти. 9 Кога пак излегоа на земјата, видоа: положена жар, и риба врз неа, и леб. 10 Исус им рече: „Донесете од рибите, што ги фативте сега!” 11 Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина. 12 Исус им рече: „Дојдете и јадете!” Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?”- зашто знаеја дека е Господ. 13 Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така. 14 Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите. 15 Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?” тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Паси ги Моите јагниња!” 16 Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!” 17 Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги Моите овци!” 18 Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш. 19 А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!” 20 А Петар кога се заврти, и виде дека по нив иде ученикот, кого Исус го љубеше, кој на вечерата се потпре врз Исусовите гради и рече: „Господи, кој ќе Те предаде?” 21 Штом Петар го виде, Му рече на Исуса: „Господи, а овој што?” 22 Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе? Ти следи Ме!” 23 Така се разнесе зборот, меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече, дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе?” 24 Овој е ученикот, кој сведочи за ова и кој го напиша ова; и знаеме дека неговото сведоштво е вистинско. 25 А има и многу други работи, што ги направи Исус, но ако се запишуваше едно по едно - мислам дека напишаните книги не би можеле да бидат сместени во целиот свет. Амин!
1 Во првата книга, о Теофиле, го напишав сè она што Исус почна да го врши и учи, 2 до денот кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите, кои ги беше избрал, 3 на кои им се претстави жив по Своето страдање, со многу веродостојни докази: јавувајќи им се четириесет дена и им зборуваше за Божјото Царство. 4 И додека беше заедно со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, „што го чувте од Мене”: 5 Јован крштаваше во вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух, не по многу дни!” 6 А собраните Го прашаа со овие зборови: „Господи сега ли ќе го востановиш Израелевото Царство?” 7 А Тој им рече: „Не е ваше да ги знаете времињата и настаните, што Таткото ги одреди со Својата власт. 8 Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата.” 9 И кога го рече тоа, се вознесе пред нивните очи, и еден облак Го зеде од пред нивните погледи. 10 И кога гледаа кон небото, додека Тој се вознесуваше, ете двајца мажи во бела облека застанаа покрај нив 11 и им рекоа: „Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе во небото, ќе дојде така, како што Го видовте да оди во небо.” 12 Тогаш се вратија во Ерусалим, од Гората, која се вика Маслинова, што е близу до Ерусалим, еден саботен ден одење. 13 И кога влегоа во куќата, се искачија во горната одаја, каде живееја: Петар и Јован, Јаков и Анрдеј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот, и Јакововиот брат Јуда. 14 Сите овие еднодушно и постојано беа во молитва, заедно со некои жени и со Марија, Исусовата мајка, и со Неговите браќа. 15 А во тие дни Петар стана, меѓу браќата, а имаше собрано множество - околу сто и дваесет души - и рече: 16 ”Браќа, требаше да се исполни Писмото, што Светиот Дух го прорече преку Давидовата уста, за Јуда, кој им беше предводник на оние, кои Го фатија Исуса; 17 тој беше во нашиот број и беше добил дел од службава. 18 Имено, тој придоби нива со злосторничка плата; и падна ничкум и пукна по средина, и се истури целата негова утроба. 19 И тоа им стана познато на сите жители на Ерусалим, така што нивата е наречена на нивниот јазик Акелдама, што значи „Крвна Нива.” 20 Зашто, во книгата на Псалмите е напишано: ‘Неговиот дом да биде пуст и да нема кој да живее во него!’ а ‘неговата служба да ја прими друг.’ 21 И така, потребно е пак, еден од оние луѓе, кои беа со нас за сето време, откако Господ Исус дојде при нас и си отиде од нас - 22 почнувајќи од Јовановото крштавање до денот, кога се вознесе од нас да биде сведок заедно со нас, на Неговото воскресение.” 23 И поставија двајца: Јосифа, наречен Варсава, наречен Јуст, и Матиј. 24 И се помолија, велејќи: „Господи, Ти, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи ни кого си го избрал од овие двајца, 25 да го прими местото во оваа служба и во апостолството, од кое отстапи Јуда, за да отиде на свое место!” 26 И фрлија жрепки за нив; и жрепката падна за Матија и тој се вброи во Единаесетте апостоли.
1 А кога дојде денот на Педесетница, сите беа заедно на исто место. 2 И одненадеж стана шум од небото, како кога дува силен ветер и ја исполни целата куќа, во која седеа. 3 И им се јавија јазици како од оган, кои се разделија и над секого од нив застана по еден. 4 И тие сите се наполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат. 5 А тогаш се наоѓаа во Ерусалим побожни Јудејци, од сите народи под небото. 6 И кога се чу шумот, се собра народот и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик. 7 Сите се восхитуваа и чудеа, велејќи: „Ете, зар сите што зборуваат не се Галилејци? 8 Тогаш како ние го слушаме секој својот јазик, во кој сме родени? 9 Партјаните, и Мидјаните и Елемитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, Понт и Азија, 10 Фригија и Памфилија, Египет и од краиштата на Ливија, околу Киринија; и Римјаните кои дошле, Јудејците и прозелитите, 11 Критјаните и Арабјаните: ги слушаме како зборуваат на нашите јазици, за големите Божјите дела.” 12 Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: „Што може да биде ова?” 13 Други пак се подсмевнуваа и велеа: „Се напиле слатко вино!” 14 А Петар стана, со Единаесетмината, и го поткрена гласот и им рече: „Јудејци и сите вие, кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови! 15 Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие - зашто е едвај третиот час на денот - 16 туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил: 17 ’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. 18 Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат. 19 Ќе направам чудеса горе на небото, а знаци долу на земјата; крв и оган и пареа од дим. 20 Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред да дојде великиот и славен Господов ден. 21 И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.’ 22 Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исуса Назареецот со сили, чуда и знаци, што Бог ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете самите. 23 Вие, Него, откако беше предаден според одредената волја и промисла Божја, преку рацете на беззакониците Го распнавте и убивте, 24 но Бог Го ослободи од смртните болки и Го подигна, зашто не беше можно смртта да Го задржи. 25 Зашто Давид вели за Него: ‘Постојано Го гледам Господа пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам. 26 Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; а и моето тело ќе почива во надеж; 27 зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање. 28 Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’ 29 Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден. 30 Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол, 31 предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’ 32 Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци. 33 И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате. 34 Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене; 35 додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’ 36 И така, нека сиот Израелев дом знае веродостојно дека Бог Го направи Господ и Христос, Овој Исус, Кого вие Го распнавте!” 37 А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петра, и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?” 38 А Петар им рече: „Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови; и ќе примите дар од Светиот Дух. 39 Зашто, ова ветување е за вас, и за вашите деца, и за сите далечни, колку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.” 40 И уште со многу други зборови сведочеше и ги опоменуваше, велејќи: „Спасете се од ова расипано поколение!” 41 И така, се крстија оние, кои го прифатија неговото слово. И во тој ден се приклучија околу три илјади души. 42 И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите. 43 А страв влезе во секоја душа, зашто апостолите правеа многу чудеса и знаци. 44 А сите кои поверуваа беа заедно и сè им беше општо. 45 И продаваа стоки и имоти и тоа го делеа на сите, секому според неговата потреба. 46 И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце, 47 фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа.
1 Петар и Јован одеа во Храмот во деветтиот молитвен час, 2 тогаш носеа еден човек, хром од раѓање. Него го поставуваа секој ден пред храмската врата, наречена Красна, за да проси милостина од оние, кои влегуваа во Храмот. 3 Штом ги виде тој Петар и Јован, кога сакаа да влезат во Храмот, запроси да му дадат милостина. 4 А Петар, заедно со Јован, се вгледа во него и му рече: „Погледај нè!” 5 Меѓутоа тој внимаваше на нив, чекајќи само да добие нешто од нив. 6 Но Петар му рече: „Немам ни сребро ни злато, но што имам, тоа ти давам: во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!” 7 Тогаш го фати за десната рака и го исправи, а нему веднаш му зацврснаа стапалата и глуждовите, па 8 скокна, се исправи и прооди; и со нив влезе во Храмот, скокајќи и фалејќи Го Бога. 9 Така целиот народ го виде како оди и Го фали Бога. 10 И го препознаа дека е тоа оној, кој седеше пред Красната Врата на Храмот поради милостина, и се исполнија со восхит и беа вон себе заради она, што му се случи. 11 А бидејќи тој се држеше за Петар и Јован, сиот зачуден народ се собра околу нив во тремот наречен Соломонов. 12 А кога Петар го виде тоа, му проговори на народот: „Мажи Израелци, зошто се чудите на ова или зошто гледате на нас, како ние со своја сила или побожност направивме овој да оди? 13 Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на нашите татковци, Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред Пилата, кога тој одлучи да Го ослободи. 14 Вие се одрековте од Светецот и Праведникот, и молевте да ви се подари еден убиец, 15 а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци. 16 И затоа што веруваме во Неговото име, - Неговото име го зацврсти овој, кого го гледате и познавате. А верата до која доаѓаме преку Него, му даде целосно здравје пред сите вас. 17 И сега браќа, знам дека вие како и вашите началници, го направивте тоа од незнаење. 18 Но, Бог на тој начин го исполни тоа, што го навестуваше однапред, преку устата на сите пророци: дека Неговиот Христос ќе пострада. 19 Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување, 20 и да Го испрати Претскажаниот за вас Исуса Христа, 21 Кого небото треба да Го прими до времето, кога ќе биде воспоставено сè, за кое Бог зборуваше од древноста преку устата на Своите свети пророци. 22 Зашто Мојсеј рекол: „Господ Бог ќе ви издигне од вашите браќа Пророк - како мене, слушајте Го Него во сè што ќе ви рече! 23 А секоја душа, која не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот.” 24 А и сите пророци од Самоила и натаму - колку што зборуваа - ги навестуваа овие денови. 25 Вие сте синови на пророците и на Заветот, што Бог го склучи со вашите татковци, кога му рече на Авраама: ‘Во твоето Семе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.’ 26 Бог првин вам ви Го воскресна Својот Слуга Исуса и ви Го испрати за да ве благослови, со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите зли дела.”
1 Додека тие уште му зборуваа на народот, пристапија при нив свештениците, и управителот на Храмот и садукеите, 2 вознемирени поради тоа што го поучуваат народот и проповедаат воскресение на мртвите во Исуса. 3 И ставија раце врз нив и ги фрлија во темницата, до идниот ден, зашто веќе беше вечер. 4 А мнозина од оние, кои го чуја словото, поверуваа, така што бројот на мажите се зголеми до пет илјади. 5 А утреден се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците, 6 и првосвештеникот Ана, и Кајафа, и Јован, и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род. 7 И кога ги поставија на средина ги прашаа: „Со каква сила, или во чие име, го направивте тоа?” 8 Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Народни началници и старешини! 9 Ако денес нè испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што е тој исцелен, 10 тогаш да знаете сите вие и сиот Израелски народ: дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас. 11 Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана глава на аголот. 12 Нема спасение ниту во еден друг, ниту има друго име под небото, дадено на луѓето, преку кое мора да се спасиме.” 13 Кога ја видоа Петровата и Јовановата смелост и забележија дека се некнижевни и неуки луѓе; се чудеа; ги препознаа дека беа со Исуса, 14 но го гледаа исцелениот човек, како стои со нив, па немаа што да им приговорат. 15 Им наредија да излезат од Синедрионот и почнаа да се советуваат меѓу себе: „Што да правиме со овие луѓе? 16 Зашто на сите жители на Ерусалим им е познато дека значајно чудо се случи преку нив, а ние не можеме да го одречеме. 17 Но за да не се разгласи и натаму по народот, да им се заканиме, да не му зборуваат веќе никому во тоа име!” 18 Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во Исусово име. 19 Но Петар и Јован им рекоа во одговор: „Право ли е пред Бога, да ве слушаме вас повеќе отколку Бога! Судете! 20 Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она, што сме го виделе и чуле.” 21 И бидејќи не најдоа пат и начин како да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бога, за она што се случи. 22 Човекот, над кого се случи ова чудо на исцелување, имаше повеќе од четириесет години. 23 Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сè што им рекоа свештеничките главатари и старешините. 24 А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре! Ти си Бог Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што се наоѓа во нив! 25 Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: ‘Зошто се бунат народите, и зошто племињата замислуваат празни работи? 26 Се дигнаа земските цареви, а кнезовите се здружија против Господа и против Неговиот Помазаник - Христос.’ 27 Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтие Пилат, заедно со народите и со израелските племиња, против Твоето Свето Дете Исус, Кого си Го помазал, 28 за да го направат она што Твојата сила и Твојата волја, однапред, го определила да се збидне. 29 А сега, Господи, погледај на нивните закани, и дај им на Твоите слуги да го проповедаат Твоето Слово сосем смело, 30 протегнувајќи ја при тоа Твојата рака, за да стануваат исцелувања и знаци, и чудеса, преку името на Твоето Свето Дете Исус!” 31 А кога се помолија, се стресе местото каде што беа собрани. И сите се исполнија со Светиот Дух и смело го проповедаа Божјото Слово. 32 А множеството на оние, кои поверуваа, имаше едно срце и една душа, и никој не велеше дека нешто од неговиот имот е негово, туку сè им беше општо. 33 Апостолите сведочеа многу силно за воскресението на Господа Исуса и голема благодат беше над сите нив. 34 И никој меѓу нив не беше во скудност, зашто сите, кои имаа ниви и куќи, ги продаваа, а цената на продаденото ја донесуваа и ја ставаа пред нозете на апостолите. 35 И секому му се даваше колку кому му беше потребно. 36 А Јосиф кого апостолите го нарекоа Варнава - што значи Син на утехата - левит, родум од Кипар 37 имаше нива, што ја продаде, а сребрениците ги донесе и ги положи пред нозете на апостолите.
1 А еден човек по име Ананија, со својата жена Сапфира, продаде еден имот 2 и задржа од цената со знаење на жената, а донесе еден дел и го стави пред нозете на апостолите. 3 А Петар му рече: „Ананија, зошто сатаната го исполни твоето срце да Го излажеш Светиот Дух и да задржиш од цената на нивата? 4 Не беше ли твоја додека не беше продадена? И кога ја продаде - не беше ли во твоја власт? Зошто го науми тоа нешто во своето срце? Не ги излага луѓето, туку Бога!” 5 Кога Ананија ги чу зборовите, падна и издивна. И голем страв ги обзеде сите, кои го чуја тоа. 6 А помладите станаа, го завиткаа, го изнесоа и го погребаа. 7 А кога поминаа околу три часа, влезе и неговата жена, не знаејќи што станало. 8 И Петар ја праша: „Кажи ми дали за толку ја продадовте нивата?” И таа рече: „Да, за толку.” 9 А Петар и рече: „Зошто се согласивте да Го искушувате Господовиот Дух? Еве! Веќе пред вратата се нозете на оние, кои го погребаа твојот маж, ќе те изнесат и тебе!” 10 И веднаш падна до неговите нозе и издивна. А кога младите луѓе влегоа, ја најдоа мртва; ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж. 11 И голем страв ја опфати целата црква и сите кои го чуја тоа. 12 И преку апостолските раце стануваа многу знаци и чуда во народот; и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем. 13 Од другите пак, никој не се осмелуваше да им се присоедини, меѓутоа народот ги величаше многу. 14 А повеќе верни беа присоединети кон Бога; множествата на мажи и жени; 15 така што изнесуваа болни на улиците и ги полагаа на постели и носилки, та барем Петровата сенка да падне на некого од нив. 16 Се собираше во Ерусалим и множество од околните градови и носеа болни и измачувани од нечисти духови. И сите се исцелуваа. 17 Тогаш станаа: првосвештеникот и сите, кои беа со него, имено садукејската ерес, се наполнија со завист, 18 ги фатија апостолите и ги фрлија во општа темница. 19 Но во ноќта, Господов ангел ја отвори вратата на темницата, ги изведе и им рече: 20 ”Одете и истапете во Храмот, говорете му ги на народот сите зборови за овој живот!” 21 Штом тие го чуја тоа, влегоа во Храмот пред разденување и поучуваа. А кога дојдоа првосвештеникот и оние, кои беа со него, ги свикаа Синедрионот и сите старешини на Израелевите синови, и испратија да ги доведат. 22 А кога служителите дојдоа, не ги најдоа во темницата. се вратија и известија: 23 ”Ја најдовме темницата заклучена и добро обезбедена, и стражарите како стојат пред вратата; но кога ја отворивме - внатре не најдовме никого.” 24 Кога ги чуја овие зборови, храмските старешини и свештеничките главатари, беа во недоумение заради нив, што би можело тоа да биде! 25 Но некој дојде и им јави: „Ене ги, мажите, кои ги затворивте во темница, стојат во Храмот и го поучуваат народот.” 26 Тогаш управителот на Храмот, со служителите, отиде и ги доведе, но не на сила, зашто се боеја од народот да не ги каменува. 27 И кога ги доведоа, ги поставија пред Синедрионот, и првосвештеникот ги праша: 28 ”Зар не ви забранивме строго да не поучувате во тоа име? А еве, вие го наполнивте Ерусалим со својата наука и сакате да ја фрлите крвта на Тој Човек на нас.” 29 А Петар и апостолите во одговор рекоа: „Треба да Го слушаме Бога повеќе, отколку луѓето. 30 Бог на нашите татковци Го воскресна Исуса, Кого вие Го обесивте на дрво и Го убивте. 31 Бог, со Својата десница, Го возвиси Него за Началник и Спасител, за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите. 32 Ние сме сведоци за тоа и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, кои Му се покоруваат.” 33 Кога го чуја тоа, се налутија многу и имаа намера да ги убијат, 34 но тогаш, во Синедрионот, стана еден фарисеј по име Гамалиел, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда да ги изведат луѓето надвор; 35 и им рече: „Мажи, Израелци! Помислете добро што ќе им направите на тие луѓе! 36 Зашто, пред овие денови се крена Тевда, кој зборуваше за себе дека е нешто големо, и кон него се присоединија околу четири стотини луѓе; тој беше убиен, а сите кои го слушаа се распрснаа и беа уништени. 37 По него, во време на пописот на населението, се крена Јуда Галилеецот и повлече многу народ по себе. И тој загина, а сите кои го слушаа се распрснаа. 38 А сега, ви велам: оставете ги овие луѓе и пуштете ги! Зашто, ако овие замисли или ова дело се од луѓе - ќе пропадне; 39 но, ако е од Бога, не ќе можете да го уништите; пазете, да не станете борци против Бога!” 40 Тогаш го послушаа, и ги повикаа апостолите и ги изнатепаа и им забранија да зборуваат за Исусовото име, и ги пуштија. 41 Тие пак си отидоа од Синедрионот со радост, зашто беа удостоени да претрпат понижување за Исусовото име. 42 Така, не прекратија секој ден да поучуваат и да го проповедаат Евангелието, во Храмот и по куќите, дека Исус е Христос.
1 Во тие денови, кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа запоставувани при секојдневното делење на помош. 2 Тогаш Дванаесетмината ги повикаа сите ученици и рекоа: „Не е право ние да го оставиме Божјото Слово и да служиме околу трпезите. 3 Затоа, браќа, најдете меѓу себе седум мажи, добро посведочени, полни со Дух Свети и мудрост, на кои да им ја довериме таа должност, 4 а ние и натаму ќе им се посветиме на молитвата и на службата на словото. 5 И предлогот му се допадна на целото множество, па ги избраа: Стефана, маж полн со вера и со Светиот Дух, потоа: Филипа, Прохора, Никанора, Тимона Пармена, и Никола, прозелит од Антиохија. 6 Нив ги поставија пред апостолите; а овие, кога се помолија, ги положија рацете на нив. 7 А Божјото слово растеше и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше многу. И големо множество свештеници и се потчинија на верата. 8 А Стефан, полн со благодат и сила, правеше големи чудеса и знаци во народот. 9 Но станаа некои од Синагогата наречена на Либертинците, на Киринејците, на Александријците и на оние од Киликија и Азија, и се препираа со Стефана. 10 И не можеа да им се спротиват на мудроста и на Духот, со кој зборуваше. 11 Тогаш наговорија луѓе, кои изјавија: „Го чувме како хули против Мојсеја и Бога.” 12 Така ги побунија и народот, и старешините, и книжевниците, и нападнаа на него, го фатија и го изведоа пред Синедрионот. 13 Поставија и лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек непрекратно хули против ова свето место и Законот, 14 зашто чувме како зборува дека Овој Исус Назареецот, ќе го разурне ова место и ќе ги измени обредите, што ни ги предаде Мојсеј.” 15 А сите, кои седеа во Синедрионот го насочија погледот во него и видоа дека лицето му е слично на лице на ангел.
1 Тогаш првосвештеникот рече: „Така ли е тоа?” 2 А тој рече: „Браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога престојуваше во Месопотамија, пред да се насели во Харан, 3 и му рече: ‘Излези од својата земја и својот род и појди во земјата, што ќе ти ја покажам!’ 4 Тогаш тој излезе од Халдејската Земја и се насели во Харан и оттаму, по смртта на татко му, Бог го пресели во оваа земја, во која што живеете сега. 5 Но не му даде наследство во неа, ни една стапка од земјата, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе им ја даде во наследство: нему и на неговото семе по него. 6 Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат придојденици во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четири стотини години. 7 ’Но, Јас ќе му судам на народот, рече Бог, на кој ќе му робуваат; а потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.’ 8 И му го даде Заветот на обрезанието; и така на Авраама му се роди Исак и го обреза на осмиот ден; а на Исака - Јаков; а на Јакова - дванаесетте патријарси.” 9 „А патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет, но Бог беше со него, 10 и го избави од сите негови неволји и му даде благодат и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом. 11 Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и Ханаан, и нашите татковци не можеа да најдат храна. 12 А кога Јаков чу дека има жито во Египет, ги испрати таму нашите татковци за првпат. 13 Кога дојдоа по вторпат, Јосиф им се откри на своите браќа, и Фараонот научи за Јосифовото потекло. 14 Тогаш Јосиф испрати и го повика татка си Јакова и целиот род - седумдесет и пет души. 15 И така Јаков слезе во Египет, каде умре, тој и нашите татковци. 16 И го пренесоа во Сихем и го положија во гробот, што Авраам го беше купил за сребро во Сихем, од Еморовите синови.” 17 „Колку повеќе се приближуваше ветеното време, за кое Бог му се заколна на Авраама, толку повеќе народот се зголемуваше и се намножи во Египет, 18 додека во Египет не завладеа нов цар, кој не знаеше за Јосифа. 19 Тој постапуваше лукаво со нашиот народ, и ги измачуваше нашите татковци, присилувајќи ги да ги фрлаат своите деца, за да не останат живи. 20 Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бога. Три месеци го одгледуваа во татковиот дом, 21 а кога го напуштија, го зеде фараоновата ќерка и си го одгледа за син. 22 И Мојсеј ја изучи целата египетска мудрост, и беше силен во своите зборови и дела. 23 А кога наврши четириесет години, му дојде на ум да ги посети своите браќа - синовите Израелеви. 24 И кога виде како еден страда неправедно, го одбрани и го одмазди угнетуваниот, убивајќи го Египтјаниот; 25 мислејќи дека неговите браќа ќе разберат дека Бог, преку неговата рака, им дава избавување, но тие не разбраа. 26 А на идниот ден дојде меѓу нив додека се тепаа и се обиде да ги смири, велејќи: „Луѓе, вие сте браќа! Зошто правите неправда еден на друг?” 27 Но оној, кој му правеше неправда на својот ближен го турна и рече: „Кој те постави тебе за началник и за судија над нас? 28 Сакаш ли и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот; вчера?” 29 Заради тој збор Мојсеј избега и стана придојденик во Мадијамската земја, каде му се родија два сина.” 30 Кога поминаа четириесет години, му се јави ангел во пустината на Синајската Гора, во пламенот на запалена капина. 31 Кога Мојсеј го виде тоа, се зачуди на глетката, а кога се приближуваше, за да разгледа, се чу гласот Господов: 32 ’Јас Сум Бог на твоите татковци: Бог Авраамов, Исаков, и Јаковов.’ Мојсеј се растрепери и не се осмели да погледа. 33 Тогаш Господ му рече: ‘Собуј ги обувките од своите нозе, зашто местото на кое стоиш е света земја! 34 Навистина го видов измачувањето на Мојот народ во Египет и го чув неговото воздивнување, и слегов да го избавам. И сега дојди да те испратам во Египет!’ 35 ”Овој Мојсеј, од кого се откажаа со зборовите: ‘Кој те постави тебе за началник и за судија?’ - Бог него го испрати, преку ангелот, кој му се јави во капината, за началник и за избавител. 36 Тој ги изведе правејќи чудеса и знаци во Египет, во Црвеното Море и во пустината четириесет години. 37 Тоа е Мојсеј, кој им рече на Израелевите синови: „Бог ќе ви издигне, меѓу вашите браќа, пророк како мене Него послушајте Го.” 38 Тоа е оној, кој во заедницата во пустината, беше со ангелот, кој му зборуваше на Синајската Гора, и со нашите татковци; оној кој ги прими живите зборови, за да ни ги предаде нам. 39 Нашите татковци не сакаа да го послушаат, го отфрлија и се свртија со срцето кон Египет, 40 зборувајќи му на Арона: ‘Направи ни богови, кои ќе одат пред нас, зашто не знаеме што стана со Мојсеја, кој нè изведе од Египет!’ 41 И во оние денови направија теле и му принесоа жртва на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. 42 Тогаш Бог се сврте од нив и ги предаде да Му служат на небесното воинство, како што е напишано во Книгата на Пророците: ‘Доме Израелев Мене ли Ми принесувавте заклани животни и жртви четириесет години во пустината? 43 Туку го носевте Молоховиот шатор и ѕвездата на богот Рафан; кипови што ги направивте, за да им се поклонувате, затоа ќе ве преселам потаму од Вавилон!’ 44 Нашите татковци го имаа со себе Шаторот на сведоштвото во пустината, како што го заповеда тоа Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да направи според образецот што го видел. 45 Нашите татковци го примија и го внесоа со Исуса, кога ја зазедоа земјата на народите, кои Бог ги протера пред нашите татковци, и така беше сè до Давидовите денови. 46 Овој најде милост пред Бога, и затоа измоли да Му најде живеалиште на Јакововиот Бог. 47 А Соломон Му изгради Дом. 48 А Сèвишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот: 49 ’Небото Ми е престол, а земјата е подножје на Моите нозе. Каков дом ќе ми изградите - говори Господ - или какво ќе биде местото за Моја починка? 50 Не го направи ли сè тоа Мојата рака?’ 51 Тврдоглави и со необрезани срца и уши! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух! Како вашите татковци така и вие! 52 Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние, кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци вие станавте сега, 53 вие, кои го примивте Законот преку служење на ангели - и не го запазивте.” 54 Кога го чуја тоа, многу се налутија во своите срца и чкртаа со забите на него. 55 А тој, полн со Светиот Дух, погледна на небото ја виде Божјата Слава и Исуса, како стои оддесно на Бога 56 и рече: „Еве, ги гледам отворени небесата и Човечкиот Син како стои оддесно на Бога.” 57 Тогаш извикаа со силен глас, ги затнаа своите уши и се нафрлија еднодушно на него. 58 И го исфрлија од градот и фрлаа камења на него. А сведоците ги оставија своите облеки до нозете на едно момче, кое се викаше Савле. 59 И фрлаа камења на Стефана, кој повикуваше, велејќи: „Господи Исусе, прими го мојот дух!” 60 Тогаш падна на колена и извика со силен глас: „Господи, не земај им го ова за грев!” И кога го рече тоа - заспа.
1 Во оној ден стана и големо гонење против црквата во Ерусалим; и сите, освен апостолите се распрснаа по краиштата на Јудеја и Самарија. 2 А побожни луѓе го погребаа Стефана и направија голем плач над него. 3 Савле пак ја запустуваше црквата, влегувајќи во куќите, извлекуваше мажи и жени и ги предаваше во темница. 4 Оние кои беа распрснати одеа, проповедувајќи го Словото. 5 Така, Филип дојде во главниот град на Самарија и им го проповедаше Христа. 6 И народот еднодушно внимаваше на Филиповите зборови; и ги слушаше и ги гледаше чудата, што ги правеше. 7 Зашто нечистите духови излегуваа со голема викотница, а мнозина фатени и хроми беа исцелени. 8 И стана голема радост во оној град. 9 А порано во тој град се наоѓаше еден човек, по име Симон, кој правеше магии и го зачудуваше самарискиот народ, зборувајќи за себе дека е нешто големо; 10 овој го слушаа сите од мал до голем, велејќи: „Овој е голема Божја сила.” 11 А го слушаа затоа што долго време ги восхитуваше со своите магии. 12 А кога му поверуваа на Филипа, кој го проповедаше Евангелието за Божјото Царство и за името на Исуса Христа, се крштаваа мажите и жените. 13 И самиот Симон поверува и откако беше крстен, продолжи со Филипа, гледајќи ги знаците и големите сили што се збиднуваа, се восхитуваше. 14 А кога апостолите, кои беа во Ерусалим, чуја дека Самарија го прими Божјото слово, им ги испратија Петра и Јована, 15 кои слегоа и се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух, 16 зашто уште ни на еден од нив не беше слегол, а само беа крстени во името на Господа Исуса. 17 Тогаш ги положија рацете на нив и тие Го примија Светиот Дух. 18 А кога Симон виде дека Светиот Дух се дава со полагање на апостолските раце, им понуди сребреници, 19 велејќи: „Дајте ми ја мене таа власт, на кого ќе ги положам рацете, да Го прими Светиот Дух!” 20 Но Петар му рече: „Нека одат во пропаст твоите сребреници заедно со тебе, зашто си помислил да го добиеш Божјиот дар со сребреници! 21 Нема за тебе ни дел ни учество во оваа работа, зашто твоето срце не е право пред Бога. 22 Затоа, покај се од оваа твоја нечесност и моли Го Господа да ти ја прости помислата на твоето срце. 23 Зашто гледам дека си во горчлива жолчка и во оковите на неправдата. 24 А Симон во одговор рече: „Молете Му се вие на Господа за мене, за да не ме најде ништо од она што рековте!” 25 Тие пак, откако посведочија и го кажаа Господовото слово, се вратија во Ерусалим, проповедувајќи им го Евангелието на многу самариски села. 26 И Господов ангел му рече на Филипа: „Стани и оди кон југ, по патот што се спушта од Ерусалим кон Газа, и тој е пуст. 27 Тој стана и отиде. И ете, маж Етиопец - скопеник, дворјанин на етиопската царица Кандакија, кој беше одговорен над целата и ризница, а беше дошол во Ерусалим да се поклони, 28 и на враќање, седеше во својата кола и го читаше пророкот Исаија. 29 А Духот му рече на Филипа: „Приближи се и придружувај ја колата!” 30 Кога Филип притрча и чу дека оној го чита пророкот Исаија, и рече: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?” 31 Тој пак рече: „Како би можел да разберам, ако некој не ме упати!” И го повика Филипа да се качи и да седне со него. 32 А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: „Беше одведен како овца на колење; и како што јагнето е немо пред оној, кој го стриже, така не ја отвори Својата уста. 33 Во Неговото понижување Му беше укинат судот. Кој ќе го изброи Неговото поколение? зашто Неговиот живот се зема од земјата.” 34 Тогаш Етиопјанецот во одговор му рече на Филипа: „Те молам, за кого го вели ова пророкот? За себе или за некој друг?” 35 А Филип ја отвори устата и почнувајќи од тоа Писмо, му проповедаше за Исуса. 36 А кога патувајќи дојдоа до некоја вода, Етиопјанецот рече: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?” 37 А Филип рече: „Ако веруваш од сè срце - можеш.” Тој одговори и рече: „Верувам дека Исус Христос е Божји Син.” 38 И заповеда да застане колата, и двајцата - Филип и Етиопјанецот - слегоа во водата. И го крсти. 39 А кога излегоа од водата, Господовиот Дух го зеде Филипа, и Етиопјанецот веќе не го виде. Но продолжи радосно по својот пат. 40 А Филип се најде во Азот, а потоа, поминувајќи го проповедаше Евангелието, по сите градови додека не дојде во Ќесарија.
1 А Савле, кој сè уште дишеше со закана и убиство против Господовите ученици, отиде при првосвештеникот, 2 и измоли од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим. 3 Кога на својот пат му се приближи на Дамаск, одненадеж го осветли светлина од небото; 4 и падна на земјата и чу глас, кој му рече: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?” 5 А тој рече: „Кој си Ти, Господине?” А Тој рече: „Јас Сум Исус, Кого ти Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило!” 6 Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи што сакаш да направам?” А Господ му рече: „Стани и влези во градот, и ќе ти се каже, што треба да правиш!” 7 А мажите, кои го придружуваа, стоеја занемени, зашто го чуја гласот, а не видоа никого. 8 И Савле стана од земјата; иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го зедоа за рака и го воведоа во Дамаск. 9 И беше слеп три дни: и не јадеше ниту пиеше. 10 А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!” А тој рече: „Еве ме, Господи!” 11 А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,” и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.” 12 И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа. 13 Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим. 14 И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.” 15 А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови; 16 Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.” 17 И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.” 18 И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; 19 и прими храна, и закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск. 20 И веднаш Го проповедаше Исуса по синагогите, дека е Тој Божји Син. 21 А сите кои го слушаа, се восхитуваа и велеа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги истреби оние, кои го повикуваа ова Име, и зар не дојде ваму, за да ги поведе врзани пред свештеничките главатари?” 22 Но Савле беше сè посилен и ги збунуваше Јудејците, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој Исус е Месија - Помазаник. 23 И кога минаа многу дни, Јудејците се одлучија да го убијат. 24 Но Павле узна за нивниот заговор. А тие ги чуваа градските врати, дење и ноќе, за да го убијат. 25 Но учениците го зедоа и го спуштија ноќе во кошница преку ѕидот. 26 А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се доближи на учениците; но сите се боеја од него, зашто не веруваа дека е ученик. 27 Тогаш Варнава го зеде и го одведе при апостолите и им раскажа како патем Го видел Господа, и дека му зборуваше, и како во Дамаск проповедаше смело во Исусовото Име. 28 И со нив влегуваше во Ерусалим, и излегуваше, 29 проповедајќи смело во Господовото име. Зборуваше и се препираше со елинистите, а тие гледаа да го убијат. 30 А кога браќата го научија тоа, го одведоа во Ќесарија, и оттаму го испратија во Тарс. 31 И така, црквите по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир; се изградуваа и одеа во Господовиот страв и со утехата на Светиот Дух, се намножуваа. 32 А кога Петар ги обиколуваше сите, дојде и при светите, кои живееја во Лида. 33 Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран на постела. 34 И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува; стани и направи си го леглото!” И тој стана веднаш. 35 И го видоа сите жители во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа. 36 А во Јопија беше една ученичка по име Тавита, што преведено на елински значи Срна. Таа беше полна со добри дела и милостини, што ги правеше. 37 Во оние денови се разболе и умре; ја искапија и ја ставија во горната соба. 38 А бидејќи Лида е близу до Јопија, учениците чуја дека Петар е во Лида и испратија при него два човека со молба: „Не се двоуми да дојдеш до нас!” 39 А Петар стана и отиде со нив. Кога дојде, го одведоа во собата; и му пристапија сите вдовици плачејќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив. 40 А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена и се помоли; и се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!” А таа ги отвори очите, и кога го виде Петра седна. 41 А тој и ја подаде раката и ја подигна. Потоа ги повика светите и вдовиците и им ја покажа жива. 42 Тоа се разгласи по сета Јопија и мнозина поверуваа во Господа. 43 Тој пак остана многу денови во Јопија, кај некојси кожар Симон.
1 Во Ќесарија беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италиски полк; 2 беше побожен и богобојазлив со сиот свој дом; кој му даваше многу милостини на народот и Му се молеше на Бога постојано. 3 Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му рече: „Корнелиј!” 4 А тој погледна во него и исплашен рече: „Што е, Господи?” Му рече: „Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бога и Тој си спомнува за нив. 5 И сега, испрати луѓе во Јопија и повикај некој Симон, кој се вика Петар. 6 Тој му е гостин на некој Симон, кожар, чија куќа е покрај морето; тој ќе ти каже што треба да направиш.” 7 И кога си отиде ангелот, кој му зборуваше, повика двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние, кои беа постојано покрај него, 8 и им кажа сè и ги испрати во Јопија. 9 А утреден, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час, се качи на покривот на куќата, да се помоли. 10 Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој имаше видение: 11 и виде отворено небо и некаков сад како големо платно да слегува и се спушта со своите четири краишта на земјата. 12 Во него беа сите четвороножни животни, и земни лазачи, и небесни птици. 13 И еден глас му рече: „Стани, Петре, заколи и јади!” 14 А Петар рече: „Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!” 15 И гласот повторно му се јави: „Она што Бог го очистил, ти не наречувај го погано!” 16 И тоа се случи трипати, и садот веднаш беше земен на небо. 17 И додека Петар беше во недоумение во себе, што би можело да значи видението, што го виде; ете, луѓето испратени од Корнелиј, откако се распрашаа за Симоновата куќа, застанаа пред вратата, 18 и прашаа: „Дали е тука на гости Симон, наречен Петар?” 19 И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи; 20 туку стани, слези и оди со нив не размислувајќи, зашто Јас ги пратив!” 21 Тогаш Петар слезе при луѓето, испратени од Корнелиј при него и рече: „Еве, јас сум оној, кого го барате. Зошто дојдовте?” 22 А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј - маж праведен и богобојазлив, посведочен од целиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе.” 23 Тогаш ги повика внатре и ги нагости. А утреден стана и отиде со нив, и некои браќа од Јопија отидоа со него. 24 На другиот ден влегоа во Ќесарија, а Корнелиј ги чекаше, откако ги повика своите роднини и блиските пријатели. 25 А кога Петар влегуваше, Корнелиј му излезе во пресрет, падна пред неговите нозе и се поклони. 26 А Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!” 27 И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани. 28 И им рече: „Вие знаете дека на Јудеец не му прилега да се дружи со човек од друг род и да доаѓа при него. Но, мене Бог ми покажа никого да не наречувам поган или нечист. 29 Затоа дојдов без приговор, кога ме повикавте. Затоа прашувам - по која причина ме повикавте?” 30 И Корнелиј рече: „Пред четири дена, во овој час, во деветтиот час, се молев во својот дом; 31 и ете, пред мене застана човек во светла облека и рече: ‘Корнелиј, послушана е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини. 32 И така, испрати некого во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! Тој е гостин во куќата на Симона, кожарот, покрај морето; кога тој ќе дојде ќе ти зборува.’ 33 И веднаш пратив при тебе, и ти направи добро што дојде. Сега тука, сите сме пред Бога, за да чуеме сè што Господ ти заповедал.” 34 Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „ Вистина гледам дека Бог не гледа на лице, 35 туку Нему Му е мил во секој народ оној, кој се бои од Него и кој прави правда. 36 Вие го знаете Словото што им го испрати на Израелевите синови, објавувајќи го Евангелието на мирот преку Исуса Христа; Овој е Господ на сите. 37 Вие знаете што се случи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го проповедаше Јован; 38 Го знаете Исуса од Назарет, како Бог Го помаза со Светиот Дух и со сила, Кој помина правејќи добрини и оздравувајќи ги сите, кои ѓаволот ги измачуваше, зашто Бог беше со Него. 39 И ние сме сведоци за сè што направи во Јудејската Земја и во Ерусалим; Него Го убија обесувајќи Го на дрво. 40 Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се јави, 41 но не на сите луѓе, а на однапред од Бога избраните сведоци - нам, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите. 42 И Тој ни заповеда да му проповедаме на народот и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија на живите и мртвите. 43 Сите пророци сведочат за Него, дека секој кој верува во Него, ќе добие преку Неговото име опростување на гревовите.” 44 Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Светиот Дух слезе на сите, кои го слушаа словото; 45 и се зачудија обрезаните верници, кои дојдоа со Петра, дека и на народите се излеа дарот на Светиот Дух; 46 зашто ги чуја како зборуваат јазици и Го величаат Бога. Тогаш Петар рече: 47 ”Може ли некој да им ја забрани водата, да не се крстат овие, кои Го примија Светиот Дух како и ние?” 48 И заповеда да ги крстат во името на Исуса Христа. Тогаш го замолија да остане уште неколку денови.
1 И апостолите и браќата во Јудеја чуја дека и народите го примиле Божјото слово, 2 и кога Петар дојде горе во Ерусалим, обрезаните се препираа со него, 3 велејќи: „Влезе кај необрезани луѓе и јадеше со нив!” 4 Тогаш Петар почна да им зборува и да им излага редум: 5 ”Бев во градот Јопија и се молев; и во занес имав видение, како некаков сад, како големо платно, што на своите четири краишта слегува од небото, и дојде до мене. 6 Кога погледнав во него и разгледав, видов во него четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи и небесни птици. 7 И чув глас, кој ми рече: „Стани, Петре! Коли и јади!” 8 А јас реков: „Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во мојата уста. 9 Тогаш гласот од небото ми рече по вторпат: „Она што Бог го очистил, не наречувај го нечисто!” 10 Тоа се случи трипати и пак сè беше одвлечено горе на небо. 11 И, ете, во тој час три човека, испратени од Ќесарија до мене, застанаа пред куќата во која бевме. 12 Тогаш Духот ми рече да одам со нив, не размислувајќи. И овие шестмина браќа дојдоа со мене и влеговме во куќата на човекот. 13 Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: „Прати во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! 14 Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.” 15 И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе на нив, како и на нас во почетокот. 16 Тогаш се сетив на Господовите зборови: „Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух. 17 И така, ако Бог им даде ист дар, кога поверуваа во Господа Исуса Христа, како и нам, кој сум јас да можам да Му го забранам тоа на Бога?” 18 Кога го чуја тоа, се смирија и Го славеа Бога, велејќи: „И така, Бог им даде и на народите покајание за живот!” 19 А оние, кои беа распрснати заради гонењето, по Стефана, поминаа сè до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи му го никому Словото, освен на Јудејците. 20 А некои од нив беа Кипарци и Киринејци, кои - кога дојдоа во Антиохија - им зборуваа и на Грците, навестувајќи Го Господа Исуса. 21 И Господовата рака беше со нив и голем број поверува и Му се обрати на Господа. 22 И кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиохија. 23 Тој дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и ги опоменуваше сите да останат во Господа со одлучно срце. 24 Имено, тој беше добар човек, полн со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господа. 25 Тогаш отиде во Тарс да го побара Савла; и кога го најде, го доведе во Антиохија. 26 И така, цела година се собираа во црквата и поучија големо множество. И прво во Антиохија учениците ги нарекоа христијани. 27 Во тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиохија. 28 И едниот од нив, по име Агав, стана и објави преку Духот, дека ќе биде голем глад по целиот свет; која и беше при Клаудиј. 29 Тогаш учениците одлучија - секој според своите можности да им испрати помош на браќата во Јудеја. 30 Тоа и го направија, испраќајќи им на старешините преку Варнава и Савла.
1 Во тоа време царот Ирод се зафати да измачува некои, кои и припаѓаа на црквата. 2 И го погуби со меч Јовановиот брат Јаков. 3 И кога виде дека тоа им се допадна на Јудејците, го фати и Петра, а беа денови на бесквасните лебови. 4 Го фати и го фрли во темница, предавајќи им го на четири стражи - од по четири војника - да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата. 5 И така, Петра го чуваа во темницата, а црквата постојано Му се молеше на Бога за него. 6 И кога Ирод сакаше да го изведе, во истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а стражарите пред вратата ја чуваа темницата. 7 И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во собата. Тој го чукна Петра по ребрата, го разбуди и му рече: „Стани бргу!” И веригите му паднаа од рацете. 8 Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј ги своите сандали!” Петар направи така. И му рече уште: „Наметни ја својата облека и дојди по мене!” 9 И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид. 10 Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него. 11 И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.” 12 Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат. 13 И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне. 14 И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата. 15 А тие и рекоа: „Ти си луда!” Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.” 16 А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија. 17 Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!” Потоа излезе и отиде на друго место. 18 А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра? 19 И кога го побара, и не го најде, Ирод ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, и слезе од Јудеја во Ќесарија и таму престојуваше. 20 И беше гневен на Тирците и Сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Власта, замолија за мир, зашто нивната земја внесуваше храна од царската земја. 21 Во определениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот пред народот и одржа говор пред нив. 22 А народот извика: „Глас Божји, а не човечки!” 23 Тогаш веднаш, Господов ангел го удри, зашто не му воздаде слава на Бога, и беше изеден од црви и издивна. 24 А Божјото слово растеше и се умножуваше. 25 А Варнава и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јована, наречен Марко.
1 Во Антиохиската црква имаше пророци и учители: Варнава, и Симеон наречен Нигер, па Луциј Киринеец, Манаин, кој беше воспитан заедно со четворовласникот Ирод, и Савле. 2 И кога Му служеа на Господа и постеа, Светиот Дух рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савла за делото за кое ги повикав!” 3 Тогаш, откако постеа и се помолија, ги положија рацете на нив и ги пуштија. 4 И така тие - испратени од Светиот Дух - слегоа во Селевкија и оттаму отпловија за Кипар. 5 И кога дојдоа во Саламина, го проповедаа Божјото слово во јудејските синагоги, а го имаа и Јована за помошник. 6 И кога го поминаа целиот остров до Пафос, најдоа некој маѓепсник, лажен пророк, Јудеец, по име Варисус, 7 кој беше со проконзулот Сергиј Павле, умен човек. Овој ги повика Варнава и Савле и посака да го чуе Божјото Слово. 8 Но им се спротивстави Елим маѓепсникот, - зашто така се преведува неговото име - настојувајќи да го одврати проконзулот од верата. 9 Тогаш Савле - кој се вика и Павле - исполнет со Светиот Дух, го насочи погледот кон него и рече: 10 ”О, ти полн со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сине, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?! 11 И, еве, сега Господовата рака паѓа на тебе: ќе бидеш слеп и за некое време не ќе го гледаш сонцето!” И во истиот миг паднаа на него мрак и темнина; и тој одеше наоколу и бараше луѓе, кои ќе го водат. 12 Тогаш проконзулот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи и се на Господовата наука. 13 А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во Памфилиска Пергија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 А тие заминаа од Пергија и дојдоа во Писидиска Антиохија; и влегоа во синагогата во саботен ден, и седнаа. 15 А по читањето на Законот и Пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: „Браќа, ако имате некакво утешно слово за народот, зборувајте!” 16 Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: „Мажи Израелци и вие други, кои се боите од Бога, чујте! 17 Бог на овој Израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во Египетската Земја, и со воздигната рака ги изведе од таа земја, 18 и околу четириесет години ги трпеше во пустината; 19 и уништи седум народи во Хананската Земја, и им ја даде во наследство нивната земја; 20 за околу четири стотини и педесет години. Потоа им ги даде судиите до пророкот Самоил. 21 Оттогаш побараа цар, и Бог им го даде Саула синот Кисов, човек од Венијаминовото племе, за четириесет години. 22 Кога го отфрли овој, им го подигна за цар Давида, за кого посведочи и рече: ‘Го најдов Давида, синот Есеев, човек по Моето срце, кој ќе ја исполни целата Моја волја.’ 23 Од неговото потомство Бог - според ветувањето - му го подигна на Израел: Спасителот Исуса, 24 откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот Израелски народ покајно крштавање. 25 А кога Јован ја исполни својата должност, велеше: „Јас не сум Оној, што вие мислите; туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам обувките на нозете. 26 Браќа, синови на Авраамовиот род, и вие, кои се боите од Бога, меѓу нив, нам ни е испратено словото за ова спасение. 27 Зашто жителите на Ерусалим и нивните началници не Го познаа, туку Го осудија и така ги исполнија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота. 28 Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилата да Го погуби. 29 И кога исполнија сè што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб. 30 Но Бог Го воскресна од мртвите. 31 И повеќе денови им се јавуваше на оние, кои со Него од Галилеја отидоа горе во Ерусалим, а кои се сега Негови сведоци пред народот.” 32 ”И ние ви го проповедаме Евангелието за ветувањето дадено на татковците, дека Бог го исполни на нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса, 33 како што е напишано во вториот псалм: ‘Ти си Мој Син, Јас Те родив денес.’ 34 А дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во гниењето рече вака: ‘Вам ќе ви ги исполнам светите и верните зборови Давидови.’ 35 Затоа и во друг псалм вели: ‘Нема да дозволиш Твојот Светец да види гниење.’ 36 А Давид му послужи на своето поколение и според Божјата волја заспа и им се придружи на своите татковци и виде гниење. 37 А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде гниење. 38 И така, мажи браќа, знајте дека преку Овој ви се навестува простување на гревовите; 39 и од сè од што не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој, кој верува. 40 И така, гледајте да не дојде на вас, што е речено во пророците: 41 ’Видете, вие кои презирате, чудете се и исчезнете! Зашто Јас правам дело - во вашите денови - дело во кое нема да поверувате, ако некој би ви раскажувал.’ 42 А кога излегуваа, ги молеа да им ги проповедаат овие зборови и во идната сабота. 43 Кога собирот се разотиде, многу Јудејци и прозелити, кои Го почитуваа Бога, појдоа по Павла и Варнава. Тие им зборуваа и ги наговоруваа да останат во Божјата благодат. 44 А во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе Божјото слово. 45 А кога Јудејците видоа множество, се исполнија со завист и со хулење говореа против Павловите зборови. 46 Тогаш Павле и Варнава им рекоа одлучно: „Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјото Слово; но бидејќи вие го отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечниот живот, еве, ние им се обраќаме на народите, 47 зашто Господ ни заповеда така: ‘Те поставив за светлина на народите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’ 48 Кога народите го чуја тоа, се радуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа мнозина, кои беа определени за вечниот живот. 49 И Господовото слово се распространуваше по целата земја. 50 А Јудејците ги поттикнаа угледните и побожните жени и градските првенци, и подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги изгонија од своите предели. 51 Овие го истресоа правот од своите нозе против нив и дојдоа во Иконија. 52 А учениците се исполнија со радост и со Светиот Дух.
1 Во Иконија влегоа заедно во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверува големо множество Јудејци и Грци. 2 Но Јудејците, кои не ги послушаа, ги побунија и ги огорчија душите на многубошците против браќата. 3 Овие пак останаа тука долго време, проповедајќи смело, во Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават знаци и чуда. 4 И множеството во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. 5 Кога многубошците и Јудејците, со своите старешини, се нафрлија врз нив да ги измачуваат и да ги убијат со камења, 6 тие научија за тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дарвија, и во нивната околина, 7 и таму го проповедаа Евангелието. 8 Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел. 9 Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување, 10 и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!” И тој скокна и прооде. 11 А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!” 12 И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото. 13 А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. 14 Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа, 15 велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив; 16 Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта, 17 и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.” 18 И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва. 19 Но стигнаа Јудејци од Антиохија и Иконија и го наговорија народот; го каменуваа Павла и го извлекоа од градот, мислејќи дека е мртов. 20 Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и влезе во градот. А утреден отиде со Варнава во Дерва. 21 Откако го навестија Евангелието во оној град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиохија; 22 ги утврдуваа душите на учениците и ги советуваа да бидат постојани во верата, и дека треба преку многу неволји да влезат во Божјото Царство. 23 И кога им определија старешини, во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господа, во Кого поверувале. 24 Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија; 25 и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија; 26 а оттаму отпловија во Антиохија, откаде и беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. 27 И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сè направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на народите. 28 И останаа подолго време со учениците.
1 А некои дојдоа од Јудеја, и ги учеа браќата: „Ако не се обрежете според Мојсеевиот обичај, не можете да се спасите.” 2 А кога Павле и Варнава се впуштија во не мала расправа со нив, определија Павле и Варнава и уште некои од нив, да се искачат во Ерусалим, при апостолите и старешините заради тоа прашање. 3 И така, испратени од црквата, поминаа низ Феникија и Самарија, раскажувајќи за обратувањето на народите, и правејќи им голема радост на сите браќа. 4 Кога стигнаа во Ерусалим, беа примени од црквата, од апостолите и старешините; и раскажаа сè што направил Бог со нив. 5 Тогаш станаа некои од фарисејската следба, кои поверуваа, и рекоа, дека треба да бидат обрезани и да им се нареди да го пазат Мојсеевиот Закон. 6 Апостолите и старешините се собраа да ја разгледаат таа работа 7 и бидејќи настана големо расправање, Петар стана и им рече: „Мажи, браќа! Вие знаете дека Бог веќе од првите денови ме избра меѓу вас, за да го чујат народите од мојата уста словото на Евангелието и да поверуваат. 8 И Бог, Кој ги познава срцата, посведочи на нив, кога им Го даде Светиот Дух, како и нам. 9 И не постави никакви разлики меѓу нас и нив, зашто преку вера ги очисти нивните срца. 10 Зошто сега Го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, кого ни нашите татковци ни ние не можевме да го носиме? 11 Но ние веруваме дека ќе се спасиме исто како и тие, преку благодатта на Господа Исуса.” 12 Тогаш замолкна целото множество и ги слушаа Варнава и Павла, кои раскажуваа колку чуда и знаци направи Бог, преку нив, меѓу народите. 13 Кога тие свршија да зборуваат, проговори Јаков и рече: „Мажи браќа, послушајте ме! 14 Симон ви кажа како Бог, најпрво, се погрижи да си земе луѓе од народите за Своето име. 15 И со тоа се слагаат пророчките зборови, како што е напишано: 16 ’После ова ќе се вратам и пак ќе го изградам Давидовиот дом, кој падна; и пак ќе ги изградам неговите урнатини, и пак ќе го подигнам; 17 за да Го побараат Господа другите луѓе и сите народи, кои се наречуваат со Моето име, говори Господ, Кој ги прави овие работи. 18 Познати Му се на Бога сите Негови дела од вечноста.’ 19 Затоа сум на мнение дека не треба да ги вознемируваме оние, кои од многубошците Му се обраќаат на Бога; 20 туку да им се напише да се воздржуваат од она, што е онечистено од идолите, од блудство, од удавено и од крв. 21 Зашто Мојсеј има проповедници, од дамни времиња, во секој град: го читаат во синагогите, секоја сабота.” 22 Тогаш апостолите и старешините, со целата црква, одлучија да изберат меѓу себе некои луѓе и да ги испратат со Павла и Варнава во Антиохија: Јуда, наречен Варсава, и Сила, водечки луѓе меѓу браќата, 23 и по нив го испратија ова писмо: „Апостолите и старешините, ваши браќа, ги поздравуваат браќата од народите во Антиохија, Сирија и Киликија! 24 Бидејќи чувме дека некои од нас, на кои ништо не им заповедавме ве збуниле со зборови и ги смутиле вашите души, 25 одлучивме еднодушно да избереме мажи и да ги пратиме при вас, со нашите возљубени Павле и Варнава, 26 со луѓето, кои ги предадоа своите души за нашиот Господ Исус Христос. 27 И така, ви ги испраќаме Јуда и Сила, кои ќе ви го соопштат и усно истово. 28 Имено, Светиот Дух и ние одлучивме да не ставаме на вас никакво друго бреме, освен овие потребни работи: 29 да се воздржувате од жртвуваното на идолите, од крв, и од удавено и од блудство; ако се пазите од тоа, добро ќе направите. Бидете здрави!” 30 И така пратените слегоа во Антиохија, го собраа народот и го предадоа писмото. 31 А кога го прочитаа, се зарадуваа на утехата. 32 Јуда пак и Сила, кои и самите беа пророци, ги тешеа и ги утврдуваа браќата со многу зборови. 33 И откако поминаа таму некое време, браќата ги испратија со мир при оние, кои ги беа пратиле. 34 Сила пак одлучи да остане таму. 35 А Павле и Варнава останаа во Антиохија, каде заедно со многу други поучуваа и го проповедаа Господовото слово. 36 По неколку дена Павле му рече на Варнава: „Да се вратиме пак и да ги посетиме браќата по сите градови, каде го проповедавме Господовото слово, за да видиме како се!” 37 А Варнава сакаше да го поведат со себе и Јована, наречен Марко. 38 А Павле сметаше дека не треба да го водат оној, кој се одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив на дело. 39 И дојде до расправа, така што се разделија еден од друг. Варнава го зеде со себе Марка и отплови за Кипар; 40 а Павле го избра Сила и тргна, предаден од браќата на Господовата благодат. 41 И поминуваше низ Сирија и Киликија и ги утврдуваше црквите.
1 И така пристигна во Дервија и Листра. И ете, таму беше еден ученик по име Тимотеј, син на Јудејка, која веруваше, и на татко Грк. 2 Браќата во Листра и Иконија сведочеа добро за него. 3 Павле посака да го поведе со себе; го зеде и го обреза заради Јудејците, кои беа по оние места: зашто сите знаеја дека татко му е Грк. 4 И додека одеа по градовите, им ги предаваа одредбите што беа определени од апостолите и старешините во Ерусалим, за да ги пазат. 5 А црквите така се утврдуваа во верата и секој ден нивниот број беше сè поголем. 6 Ги поминаа Фригиската и Галатската Земја, зашто Светиот Дух им забрани да го проповедаат словото во Азија. 7 А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи. 8 И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троада. 9 И на Павла му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни!” 10 И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието. 11 Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, а на идниот ден во Неапол, 12 а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во оној дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена. 13 А во саботата излеговме надвор од градската врата, кон реката, каде што имаа обичај да се молат. И седнавме и им зборувавме на собраните жени. 14 И некоја богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тиатир, слушаше; и Господ и го отвори срцето да внимава на Павловите зборови. 15 А кога беше крстена таа, и нејзиниот дом, нè замоли, велејќи: „Ако ме признавате за верна на Господа, влезете во мојот дом и останете.” И нè принуди. 16 А кога еднаш одевме на молитва, нè сретна некоја девојка, слугинка, која имаше претскажувачки дух, и која, со вражање, им донесуваше голема печалба на своите господари. 17 Таа одеше по Павла и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Сèвишниот Бог; кои ни проповедаат пат на спасение.” 18 Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!” И излезе во истиот час. 19 Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги одвлекоа Павла и Сила до пазарот пред началниците. 20 Кога ги приведоа пред заповедниците, рекоа: „Овие луѓе, кои се Јудејци, го бунат нашиот град 21 и проповедаат обичаи, кои ние како Римјани, не смееме да ги прифатиме ни да ги вршиме.” 22 И заедно, се крена народот против нив, а заповедниците им ги скинаа облеките и наредија да ги бијат со стапови. 23 И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро. 24 Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада. 25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26 Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите. 27 А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28 Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!” 29 А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила; 30 ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?” 31 Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.” 32 И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом. 33 И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови. 34 Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога. 35 А кога се раздени, заповедниците испратија судски службеници и рекоа: „Пушти ги оние луѓе!” 36 Темничарот му ги рече тие зборови на Павла, велејќи: „Заповедниците пратија да ве пуштам. Затоа сега излезете и одете си со мир!” 37 Но Павле им рече: „Откако нас, римски граѓани, без претходна истрага, јавно нè биеја и нè фрлија во темница; а сега сакаат да нè пуштат тајно? Никако! Туку самите да дојдат и нека нè изведат!” 38 Судските служители им ги соопштија овие зборови на заповедниците, а тие се исплашија кога чуја дека се римски граѓани 39 и дојдоа, се извинија; ги изведоа и ги замолија да си отидат од градот. 40 И кога излегоа така од темницата, дојдоа при Лидија, ги видоа браќата и ги утешија, и си отидоа.
1 И кога поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше јудејска синагога. 2 И по својот обичај Павле влезе при нив и, три саботи редум, расправаше со нив од Писмото, 3 толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека е Тој Месија - Исус, „Кого јас ви Го проповедам.” 4 И некои од нив се убедија и се дружеа со Павла и Сила; а исто така и големо множество побожни Грци и не малку угледни жени. 5 Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот. 6 А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука! 7 И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!” 8 Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа; 9 и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија. 10 А браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павла и Сила во Берија; тие, кога дојдоа таму, отидоа во јудејската синагога. 11 Овие беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така. 12 И мнозина од нив поверуваа; а од угледните елински жени и мажи - не малку. 13 А кога солунските Јудејци узнаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово; дојдоа и таму и го раздвижија и го побунија народот. 14 Тогаш браќата веднаш го испратија Павла кон приморјето. А Сила и Тимотеј останаа таму. 15 Придружниците пак го доведоа Павла до Атина, и откако примија заповед за Сила и Тимотеј, да дојдат што поскоро при него, заминаа. 16 Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се огорчи длабоко, гледајќи го градот полн со идоли. 17 И расправаше со Јудејците во синагогата и со побожните; и секој ден на собиралиштето со оние, кои би се нашле таму; 18 А некои од епикурејските и стоичките философи почнаа да се препираат со него; па едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?” А други: „Се гледа дека проповеда туѓи богови,” зашто проповедаше за Исуса и за воскресението. 19 Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: „Можеме ли да знаеме каква е таа нова наука, што ја проповедаш? 20 Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?” 21 А сите Атињани и странците меѓу нив имаа време само за тоа да кажат или да чујат некаква новост. 22 Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „Луѓе Атињани! Гледам по сè дека сте многу побожни. 23 Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа. 24 Бог, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови 25 ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сè. 26 Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, 27 за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас. 28 Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’ 29 И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла. 30 И така, не гледајќи на времињата на незнаењето - Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде, 31 зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.” 32 А кога чуја за воскресението од мртвите, едни се подигруваа, а други рекоа: „Ќе те слушаме друг пат за тоа.” 33 Така Павле си отиде од нив. 34 Сепак некои мажи се прилепија при него и поверуваа; меѓу кои беа и Дионисиј Ареопагит, жената по име Дамара и други со нив.
1 Потоа Павле тргна од Атина и дојде во Коринт. 2 Таму најде еден Јудеец по име Акила, родум од Понт, кој неодамна беше дошол од Италија, заедно со својата жена Прискила, зашто Клаудиј заповеда сите Јудејци да го напуштат Рим. Дојде при нив, 3 зашто беше со истиот занает, остана кај нив и работеше; зашто нивниот занает беше да прават шатори. 4 А секоја сабота расправаше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Грците. 5 А кога Сила и Тимотеј слегоа од Македонија, Павле беше подбудуван во духот ревносно да сведочи на Јудејците дека Исус е Месија. 6 Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе своите облеки и им рече: „Вашата крв на вашите глави! Јас сум чист и отсега ќе одам при народите.” 7 И се премести оттаму и дојде во домот на некој си Тициј Јуст, богобојазлив човек, а чија куќа беше до синагогата. 8 И Крисп, началник на синагогата, со целиот свој дом, поверува во Господа; и многу Коринтјани, кои го слушаа, поверуваа и се крштаваа. 9 А Господ му рече на Павла, ноќе, во видение: „Не бој се! Но зборувај и не замолкнувај, 10 зашто Јас Сум со тебе! И никој нема да те допре, за да ти направи некакво зло, зашто имам многу народ во овој град.” 11 И така преседе година и шест месеци и ги поучуваше во Божјото слово. 12 А кога Галион беше управител на Ахаја, Јудејците се подигнаа еднодушно против Павла и го доведоа пред судската столица, 13 велејќи: „Овој човек ги наговорува луѓето да Го почитуваат Бога спротивно на Законот.” 14 Кога Павле сакаше да ја отвори устата, Галион им рече на Јудејците: „Ако беше прашање за некаква неправда или за зло дело, о Јудејци, се разбира, би требало да ве трпам. 15 Но ако тоа е прашање за некој збор, за имињата и за вашиот Закон, разгледајте сами; јас не сакам да бидам судија во тие работи.” 16 И ги истера од судската столица. 17 Тогаш сите Грци го фатија началникот на синагогата Состена и го биеја пред судската столица, а Галион не сакаше ни да знае за тоа. 18 Павле остана таму уште многу денови; и тогаш се прости со браќата и отплови за Сирија, а со него Прискила и Акила; во Кенхреја ја острига главата, зашто имаше завет за тоа. 19 А кога стигнаа во Ефес, ги остави, а самиот влезе во синагогата да расправа со Јудејците. 20 А кога го замолија да остане подолго време, не се согласи, 21 туку се прости со нив и рече: „Бездруго празникот што иде треба да го поминам во Ерусалим; и ако Му биде угодно на Бога, пак ќе се вратам при вас.” И отплови за Ефес. 22 Кога стигна во Ќесарија, се искачи во Ерусалим; ја поздрави црквата и слезе во Антиохија. 23 И откако помина таму некое време, излезе и ги обиколуваше редум Галатската област и Фригија, утврдувајќи ги сите ученици. 24 А некој си Јудеец, по име Аполос, родум Александриец, човек красноречив и мошне упатен во Писмата, дојде во Ефес. 25 Тој беше поучен во Господовиот Пат, и со својот распален дух зборуваше и учеше точно за Исуса, иако го знаеше само Јовановото крштавање. 26 Тој почна да проповеда смело во синагогата; а кога чуја Прискила и Акила го зедоа при себе, и му го изложија поточно Божјиот Пат. 27 Кога сакаше да замине за Ахаја, браќата го охрабрија и им напишаа на учениците да го примат. Кога дојде, многу им помогна на оние, кои беа поверувале преку благодатта; 28 зашто тој силно и јавно ги побиваше Јудејците, докажувајќи од Писмата дека Исус е Христос.
1 А кога Аполос беше во Коринт, Павле, откако ги помина горните области, дојде во Ефес, и тука најде некои ученици. 2 Им рече: „Дали Го примивте Светиот Дух, кога поверувавте?” Му одговорија: „Не сме ни чуле дека дошол Светиот Дух.” 3 Уште им рече: „А во што се крстивте?” А тие рекоа: „Во Јовановото крштавање.” 4 А Павле рече: „Јован крштаваше покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој ќе дојде по него, односно во Исуса.” 5 Кога го чуја тоа, се крстија во името на Господа Исуса. 6 И кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух слезе на нив. И зборуваа јазици и пророкуваа; 7 а беа вкупно околу дванаесет мажи. 8 Тогаш влезе во синагогата и таму зборуваше смело, три месеци за Божјото Царство и се трудеше да ги убеди. 9 Но бидејќи некои беа корави и непокорни, и зборуваа зло за Патот пред множеството, тој отстапи од нив и ги оддели учениците, и секојдневно проповедаше во училиштето на некој си Тиран. 10 Тоа продолжи две години, така што сите, кои живееја во Азија, Јудејците и Грците, го чуја Господовото Слово. 11 А Бог правеше необични чуда преку Павловите раце 12 така што, кога врз болните ставаа и крпи за пот и прегачи од неговото тело: и болестите ги оставаа и лошите духови излегуваа од нив. 13 А некои од Јудејците, кои скитаа и ги заколнуваа духовите, почнаа да го повикуваат името на Господа Исуса, велејќи им: „Ве заколнуваме во Исуса, Кого Павле Го проповеда!” 14 Тоа го правеа седумте синови на некој си Јудеец Скева, главен свештеник. 15 Но лошиот дух во одговор им рече: „Го познавам Исуса и Павле го знам, 16 но кои сте вие?” И човекот во кого беше лошиот дух, скокна на нив, ги совлада сите и покажа против нив таква сила, што голи и ранети побегнаа од таа куќа. 17 Тоа го научија сите Јудејци и Грци, кои живееја во Ефес и страв ги обзеде сите, а името на Господа Исуса се величаше. 18 А мнозина од оние, кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела. 19 А од оние, кои се занимаваа со магии, мнозина ги донесуваа своите книги на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници. 20 Така Господовото слово растеше силно и преовладуваше. 21 Кога се сврши тоа, Павле науми во духот, поминувајќи низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: „Штом ќе бидам таму, треба да го видам и Рим.” 22 И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеја и Ераста, а самиот остана уште некое време во Азија. 23 Во тоа време се подигна не мал бунт заради Патот; 24 зашто некој човек, по име Димитриј, сребренар, кој правеше сребрени Артемидини храмови и на уметниците им донесуваше не мала печалба; 25 ги собра и нив и работниците на такви нешта и рече: „Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа; 26 а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество, велејќи дека богови направени со раце - не се богови. 27 Но не постои само опасност да изгуби углед ова наше занимање, туку и храмот на големата божица Артемида нема да биде сметан за ништо, и да му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет.” 28 Кога го чуја тоа, полни со гнев, викаа, велејќи: „Голема е ефеската Артемида!” 29 И целиот град се побуни и еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Македонците Гај и Аристарх, Павлови сопатници. 30 А кога Павле сакаше да влезе, меѓу народот, учениците не го пуштија. 31 А некои од азиските началници, кои му беа пријатели; испратија при него и го помолија да не се појавува во гледалиштето. 32 Едни викаа едно, а други - друго, зашто собранието беше збунето и повеќето не знаеја зошто се беа собрале. 33 Тогаш го поттикнаа од народот Александра, кого Јудејците го туркаа напред. Александар пак мавна со раката и сакаше да даде објаснение пред народот; 34 но кога дознаа дека е Јудеец, сите викаа едногласно и викаа околу два часа: „Голема е ефеската Артемида!” 35 Најпосле градскиот писар го смири народот и рече: „Ефесци! Кој е оној човек, кој не знае дека градот Ефес е чувар на храмот на големата Артемида и на нејзиниот кип, што падна од небото? 36 Бидејќи тоа е неоспорно, вие треба да бидете мирни и да не преземате ништо непромислено! 37 Ги доведовте овие луѓе, кои ниту го ограбија храмот, ниту хулат на нашата божица. 38 Затоа, ако Димитриј и уметниците - кои се со него - имаат тужба против некого, судиштата заседаваат, и проконзулите се тука, нека се тужат едни со други. 39 Ако барате нешто друго, тоа ќе биде решено во собранието, 40 зашто ни се заканува опасност да бидеме обвинети заради денешниот бунт, зашто не постои никаква причина, со која можеме да го оправдаме собирот.” Кога го рече тоа, го распушти собирот.
1 Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците, ги посоветува; се прости со нив и тргна да отиде во Македонија. 2 Откако ги помина оние краишта и ги ободри со многу зборови, дојде во Грција. 3 Таму остана три месеци. Бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, реши да се врати преку Македонија. 4 И го придружуваа до Азија: Сосипатер Пиров од Берија, солунците Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, Тихик и Трофим од Азија. 5 Тие отидоа напред и нè чекаа во Троада. 6 А ние отпловивме од Филипи, после деновите на бесквасните лебови, и за пет дни дојдовме при нив во Троада, каде поминавме седум дена. 7 А кога во првиот ден на седмицата се состанавме да раскршуваме леб, Павле разговараше со нив, зашто сакаше да замине утреден. Го продолжи словото до полноќ, 8 а во горната соба, каде се бевме собрале, имаше многу светилки. 9 А едно момче, по име Евтих, кое седеше на прозорецот, го фати длабок сон и тоа, додека Павле зборуваше подолго, совладано од сонот падна од третиот кат долу и го дигнаа мртво. 10 Но Павле слезе, му се фрли, го прегрна и рече: „Не возбудувајте се, зашто неговата душа е во него!” 11 Потоа отиде горе, раскрши леб и јаде, и им зборуваше долго, сè до зората, и тогаш отпатува. 12 А момчето го доведоа живо и се утешија многу. 13 Ние тргнавме порано со бродот и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павла, зашто така беше порачал, сакајќи да оди пеш. 14 А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин. 15 И оттаму отпловивме и утреден дојдовме спроти Хиос; на другиот ден стигнавме во Самос, откако престојавме во Трогилија, на идниот ден дојдовме во Милит. 16 Павле реши да помине покрај Ефес, за да не се задржи подолго време во Азија; зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим. 17 Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата. 18 А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија, 19 служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори; 20 како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите; 21 сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус. 22 А сега, еве, врзан во Духот, одам во Ерусалим не знаејќи што ќе ми се случи во него. 23 Освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки. 24 Но мене ни најмалку не ми е за душата; само да го завршам радосно својот пат и службата, која ја примив од Господа Исуса: да го посведочам потполно Евангелието на Божјата благодат. 25 И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Царството Божјо, не ќе го видите веќе моето лице. 26 Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас; 27 зашто не пропуштив да ви ја соопштам целокупната Божја намера. 28 Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да ја пасете Божјата Црква, која Тој ја придоби со Својата крв. 29 Јас знам дека по моето заминување, ќе навлезат меѓу вас свирепи волци, кои нема да го штедат стадото; 30 а и од вас самите ќе станат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечат учениците по себе. 31 Затоа, бдејте и помнете дека три години - ноќе и дење - не прекратив да го советувам со солзи секој еден од вас! 32 И сега ве препорачувам на Бога и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба да изградува и да даде наследство меѓу сите осветени. 33 Сребро или злато или облека не посакав од никого. 34 Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние, кои беа со мене. 35 Во сè ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, и да си спомнувате на зборовите на Господа Исуса, како Самиот што рече: ‘Поблажено е да се дава, отколку да се прима.’” 36 Кога го рече тоа, клекна на колена и се помоли со сите нив. 37 Тогаш сите заплакаа гласно, и паднаа во прегратка на Павла и го целиваа; 38 нажалени најмногу од зборот што го рече дека веќе нема да го видат неговото лице. И го испратија до бродот.
1 Кога се одделивме од нив и отпловивме право, дојдовме во Кос, а на идниот ден во Родос и оттаму во Патара. 2 И кога најдовме кораб, што заминуваше за Феникија, влеговме во него, и отпловивме. 3 А кога ни се покажа Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари. 4 И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павла да не оди горе во Ерусалим. 5 И кога ги поминавме тие дни, отидовме оттаму и тргнавме натаму; а тие сите нè испратија со жените и децата, надвор од градот; а на брегот клекнавме и се помоливме. 6 И кога се простивме едни со други, ние влеговме во бродот, а тие се вратија во своите домови. 7 Завршувајќи го пловењето, од Тир стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и останавме при нив еден ден. 8 А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него. 9 Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. 10 Бидејќи престојувавме таму многу дни, еден пророк, по име Агав, дојде од Јудеја. 11 И кога дојде при нас го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‘Човекот, чиј е овој појас, Јудејците, во Ерусалим, така ќе го врзат и ќе го предадат во рацете на народите’.” 12 Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим. 13 Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.” 14 И бидејќи не можевме да наговориме, ние молкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!” 15 По тие денови се приготвивме и отидовме горе во Ерусалим. 16 Со нас тргнаа и некои ученици од Ќесарија и нè одведоа при некој Мнасон, Кипарец, дамнашен ученик, за да бидеме негови гости. 17 Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нè примија радосно. 18 На идниот ден Павле отиде со нас при Јакова, а сите старешини беа присутни. 19 И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сè што Бог, преку неговата служба, направи меѓу народите. 20 А кога го чуја тоа, Го прославија Бога и му рекоа: „Гледаш брате, колку илјади верни има меѓу Јудејците, и сите ревнуваат за Законот; 21 а за тебе се известени дека сите Јудејци, кои се меѓу народите, ги учиш да отстапат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат своите деца, ниту да ги држат обичаите. 22 И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол. 23 Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четири мажи, кои се заветувале; 24 земи ги и очисти се со нив и плати за нив да си ги истрижат главите. Така сите ќе научат дека нема ништо од она, што чуле за тебе, и дека и самиот го исполнуваш Законот. 25 А за народите, кои ја примиле верата, одлучивме и им пишавме: да се воздржуваат од жртвувано на идоли; и од крв, и од удавено, и од блудство.” 26 Тогаш Павле ги зеде со себе тие мажи; и на идниот ден, откако се очисти со нив заедно влезе во Храмот и објави кога ќе свршат деновите на очистувањето, кога за секој од нив ќе биде принесена жртва. 27 А кога седумте денови требаше да се свршат, Јудејците од Азија го забележаа во Храмот, го побунија целиот народ и ги ставија рацете на него, 28 викајќи: „Израелци, помагајте! Овој е човекот, кој насекаде ги учи сите против народот, против Законот и против ова место! Освен тоа ги воведе и Грците во Храмот и така го онечисти ова свето место!” 29 Имено, тие го видоа порано во градот со него Ефесецот Трофим и мислеа дека Павле го воведе во Храмот. 30 И целиот град се разбранува и народот се собра, го фатија Павла и го извлекоа надвор од Храмот, а веднаш ја затворија вратата. 31 И кога сакаа да го убијат, дојде глас до заповедникот на четата, дека целиот Ерусалим е во врева. 32 И тој веднаш зеде војници и стотници и дотрча до нив. Тие пак кога ги видоа заповедникот и војниците прекратија да го тепат Павла. 33 Тогаш заповедникот му се приближи, го фати и заповеда да го врзат во двојни вериги; и распрашуваше кој е и што направил. 34 Едни од народот викаа едно, а другите друго; бидејќи од викотницата не можеше ништо веродостојно да научи, заповедникот заповеда да го одведат во тврдината. 35 А кога беше на скалите, војниците требаше да го носат заради нафрлувањето на народот; 36 зашто множество народ врвеше по него и викаше: „Погубете го!” 37 И кога требаше да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Смеам ли да ти речам нешто?” Овој пак рече: „Знаеш ли грчки! 38 Да не си ти оној Египтјанин, кој пред овие денови побуни и одведе во пустината четири илјади мажи разбојници?” 39 А Павле одговори: „Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на познатиот град од Киликија, и те молам да ми одобриш да му проговорам на народот!” 40 И кога му дозволи, Павле застана на скалите и му мавна со рака на народот. А кога настана голема тишина, проговори на еврејски јазик и рече:
1 „Мажи браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана.” 2 Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече: 3 ”Јас сум Јудеец, роден во Киликиски Тарс, а воспитан во овој град, при Гамалиловите нозе, научен строго според татковскиот закон, ревнувајќи за Бога, како и вие сите денес. 4 Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени, 5 како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.” 6 ”Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. 7 И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ 8 А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’ 9 А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше. 10 Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сè што ти е определено да правиш!’ 11 И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.” 12 „А некој Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Јудејци, 13 дојде при мене, ми се доближи и рече: ‘Брате Савле, прогледај!’ И јас во истиот миг погледав во него. 14 А тој рече: ‘Бог на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја и да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста, 15 зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул. 16 И што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го името на Господа.’ 17 Кога пак се вратив во Ерусалим и се молев во Храмот, се занесов 18 и Го видов како ми вели: ‘Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!’ 19 А јас реков: ‘Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе; 20 и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму; одобрував и ги чував облеките на оние, кои го убиваа.’ 21 И ми рече: ‘Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу народите!’ 22 Го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: „Премавни го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!” 23 Додека тие викаа така, ги мавтаа своите облеки и фрлаа прав во воздухот; 24 заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со биење, за да узнае зошто викаат така против него. 25 А кога го опкружија и врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: „Зар смеете да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?” 26 Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: „Што сакаш да правиш? Човеков е римски граѓанин!” 27 Тогаш заповедникот дојде при него и му рече: „Кажи ми, римски граѓанец ли си ти?” А тој рече: „Да!” 28 Заповедникот одговори: „Јас го добив тоа граѓанство за многу сребреници.” А Павле рече: „А јас се родив со него.” 29 И веднаш отстапија од него, оние кои сакаа да го испитуваат, а заповедникот се уплаши кога узна дека тој е римски граѓанец, зашто го беше врзал. 30 Утреден, сакајќи да знае точно зошто Јудејците го обвинуваат, го ослободи и заповеда да се соберат главните свештеници и целиот Синедрион и го доведе долу Павла и го постави пред нив.
1 А Павле погледна кон Синедрионот и рече: „Мажи браќа, јас живеев со наполно чиста совест пред Бога до овој ден.” 2 Тогаш првосвештеникот Ананиј им нареди на оние, кои стоеја до него, да го удрат по устата. 3 Тогаш Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!” 4 А оние, кои стоеја наоколу рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го хулиш?” 5 И Павле рече: „Не знаев, браќа, дека е првосвештеник; зашто е напишано: „Не зборувај лошо за началникот на својот народ!” 6 Бидејќи Павле знаеше дека едниот дел се садукеи, а другиот фарисеи, извика во Синедрионот: „Мажи браќа, јас сум фарисеј, син фарисеев; ме судат заради надежта во воскресението на мртвите.” 7 И кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се раздели; 8 зашто садукеите велат дека нема воскресение, ни ангели, ни дух, а фарисеите ги признаваат и двете. 9 Така настана голема врева. И некои книжевници од фарисејската странка станаа и се препираа, велејќи: „Не наоѓаме никакво зло во овој човек, и ако му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.” 10 И бидејќи расправата стана голема, заповедникот се исплаши да не го раскинат Павла, и заповеда на војската да слезе и да го грабне од нивна средина, и да го одведат во тврдината. 11 Идната ноќ Господ застана пред него и му рече: „Не бој се, Павле! Секако, како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим.” 12 И кога се раздени Јудејците се собраа и се заколнаа, дека не ќе јадат ниту ќе пијат додека не го убијат Павла. 13 Беа повеќе од четириесет, кои ја дадоа таа заклетва. 14 Тие дојдоа при првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се заколнавме со заклетва, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павла. 15 Затоа вие, сега, заедно со Синедрионот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу при вас, како да сакате поточно да го испитате неговото дело; а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.” 16 Но синот на Павловата сестра чу за заседата, дојде и влезе во тврдината и му јави на Павла. 17 А Павле повика еден од стотниците и рече: „Одведи го момчево при заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!” 18 Стотникот го зеде и го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да го доведам при тебе ова момче, зашто има да ти каже нешто.” 19 Тогаш заповедникот го зеде за рака и се повлече со него насамо и го праша: „Што има да ми соопштиш?” 20 А тој рече: „Јудејците се договорија да те замолат да го одведеш утре Павла долу, во Синедрионот, како да сакаат поточно да се распрашаат за него. 21 Но немој да ги послушаш, зашто го дебнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа, да не јадат ниту да пијат додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување.” 22 Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому, дека ми го јави ова.” 23 И повика двајца од стотниците и рече: „Пригответе двеста војници, седумдесет коњаници и двеста стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час на ноќта. 24 Пригответе и добиток, за да го качат Павла и да го одведат безбедно до управителот Феликс!” 25 И напиша писмо со следнава содржина: 26 ”Клаудиј Лисиј до угледниот управител Феликс - поздрав! 27 Овој маж го фатија Јудејците и сакаа да го убијат; јас дојдов со војската и го извлеков, кога научив дека е Римјанин. 28 Сакајќи да ја научам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Синедрион. 29 И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања на нивниот Закон, но дека нема никаква вина, која заслужува смрт или окови. 30 А кога ме известија дека се подготвува напад против овој човек, веднаш го испратив при тебе и обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него. Биди здрав!” 31 Тогаш војниците го зедоа Павла, според дадената им заповед, и го одведоа ноќе во Антипатрида; 32 а утреден ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината. 33 А кога влегоа во Ќесарија, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павла. 34 А кога го прочита писмото, го праша од која област е, и научи дека е од Киликија; 35 му рече: „Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители. „ И заповеда да го чуваат во Иродовата преторија.
1 А по пет дена првосвештеникот Ананиј слезе со неколку старешини и со некој си говорник Тертил, и истапија пред управителот против Павла. 2 И кога го повикаа, Тертил почна да го обвинува, велејќи: 3 ”Голем мир уживаме благодарејќи тебе и со твојата грижливост многу нешта се поправија во народов; тоа, ние, честити Феликсе, со секаква благодарност го признаваме на секој начин и на секое место; 4 но, за да не те задржувам повеќе, те молам да нè ислушаш накратко со твојата благост. 5 Еве, најдовме дека овој човек е зараза, дека предизвикува препирки меѓу сите Јудејци по целиот свет и дека е водач на назарејската секта. 6 И се обиде да го оскверни и Храмот, и ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон, 7 но дојде заповедникот Лисиј, со голема сила, и го грабна од нашите раце, 8 и заповеда неговите обвинители да дојдат при тебе. Ако го испиташ самиот, ќе можеш да узнаеш од него, сè за што ние го обвинуваме.” 9 А Јудејците потврдија дека е така. 10 А кога управителот му даде знак да зборува, Павле одговори: „Бидејќи знам дека многу години си му судија на народов, јас, на драго срце, ќе зборувам во своја одбрана. 11 Ти самиот можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена, откако отидов горе во Ерусалим, на поклонение, 12 и не ме најдоа ни во Храмот, ни во синагогите, ниту во градот да са расправам со некого или да го бунам народот, 13 а не можат ни тебе да ти го докажат она заради што ме обвинуваат сега. 14 Но тебе ти признавам: дека според Патот, кого тие го наречуваат ерес, така Му служам на Бога на нашите татковци, верувајќи во сè што е напишано во Законот и Пророците, 15 и дека се надевам во Бога, како и овие сами, дека ќе има воскресение на праведните и неправедните. 16 Затоа и самиот се трудам секогаш да имам чиста совест и пред Бога и пред луѓето. 17 По многу години дојдов да му донесам милостина на својот народ и да принесам жртви, 18 при што ме најдоа, очистен во Храмот, не со народ и не со врева. И некои Јудејци од Азија, 19 кои требаа да излезат пред тебе и да ме обвинат, ако имаа нешто против мене. 20 Или овие сами нека кажат каква неправда најдоа на мене, кога стоев пред Синедрионот, 21 освен ако се работи за овој еден збор што го реков гласно, стоејќи меѓу нив: ‘заради воскресението на мртвите ме судите денес!’” 22 Тогаш Феликс, кој доста добро го познаваше тој Пат, го одложи нивното дело, велејќи: „Кога ќе дојде илјадникот Лисиј, ќе го решам вашето дело.” 23 А на стотникот му заповеда да го чуваат; но да му даваат извесна слобода и да не му бранат никому од неговите да му служат. 24 А по неколку денови дојде Феликс со својата жена Друзила, која беше Јудејка, го повика Павла и ги слушаше неговите зборови за верата во Исуса Христа. 25 А кога зборуваше за праведноста, за воздржувањето и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си! И кога ќе најдам време, пак ќе те повикам.” 26 Меѓутоа се надеваше дека Павле ќе му даде сребреници; затоа почесто го повикуваше и разговараше со него. 27 А кога се наполнија две години, Порциј Фест го наследи Феликса; сакајќи да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павла во окови.
1 А кога Фест ја зеде власта над покраината, по три дни, од Ќесарија отиде горе во Ерусалим, 2 каде свештеничките главатари и јудејските првенци истапија пред него против Павла, и го молеа, 3 барајќи услуга против него, за да го спроведе во Ерусалим; поставувајќи заседа за да го убијат на пат. 4 Но, Фест во одговор рече дека Павле се пази во Ќесарија, каде и тој самиот скоро ќе отиде. 5 „Затоа - рече тој - влијателните меѓу вас нека слезат со мене; и ако е виновен во нешто тој човек, нека го обвинат.” 6 Откако слезе во Ќесарија, се задржа меѓу нив осум или десет дена, и веќе утреден седна во судот и заповеда да го доведат Павла. 7 А кога тој дојде, го опкружија Јудејците, кои дојдоа од Ерусалим, и изнесоа против него многу тешки обвиненија, кои не можеа да ги докажат; 8 а Павле во своја одбрана велеше: „Со ништо не се огрешив ни против јудејскиот закон, ни против Храмот, ни против ќесарот.” 9 Но Фест, сакајќи да им угоди на Јудејците, му одговори на Павла и рече: „Сакаш ли да отидеш горе, во Ерусалим, и да ти се суди таму за ова, пред мене?” 10 А Павле рече: „Стојам пред ќесаревиот суд - каде треба да бидам суден. На Јудејците не им сторив никаква неправда, што и ти знаеш многу добро. 11 Ако сум пак виновен, или ако направив нешто што заслужува смрт; не бегам од смртта. Но, ако нема ништо од она за што овие ме обвинуваат, никој не може да ме предаде на нив, за да им угоди. Се повикувам на ќесарот.” 12 Тогаш Фест поразговара со својот совет и одговори: „Се повика на ќесарот, при ќесарот ќе одиш.” 13 Кога поминаа неколку денови, царот Агрипа и Верникија дојдоа во Ќесарија, за да го поздрават Феста. 14 И бидејќи таму се задржаа повеќе денови, Фест го изнесе пред царот Павловото дело: „Феликс остави еден човек во окови, 15 против кого - кога бев во Ерусалим - истапија свештеничките главатари и јудејските старешини и бараа да го осудам. 16 Јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да предадат некого, пред обвинетиот да се соочи со своите обвинители, и да добие прилика да се брани од обвинението. 17 И така, кога тие дојдоа тука заедно, јас на другиот ден - без никакво одлагање - седнав на судиската столица и заповедав да го доведат човекот. 18 Но обвинителите, кои стоеја околу него, не го обвинија ниту за едно зло дело, за кое претполагав, 19 туку имаа против него некои препирки за нивната вера и за некој Исус, Кој умрел, а за кого Павле тврдеше дека е жив. 20 А јас, не знаејќи што да правам во расправата, за такви нешта, го прашав дали сака да оди во Ерусалим, за да му се суди таму за тоа. 21 Но, бидејќи Павле се повика на Августа, за да биде запазен до неговата одлука; заповедав да го чуваат додека не го испратам при ќесарот.” 22 Тогаш Агрипа му рече на Феста: „И јас би сакал да го ислушам тој човек.” И тој рече: „Утре ќе го чуеш.” 23 И така, утредента, кога Агрипа и Верникија дојдоа со голем блесок и влегоа во судницата, заедно со илјадниците и со најугледните луѓе во градот; по Фестова заповед го доведоа Павла, 24 и тогаш Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие мажи, кои сте тука! Гледајте го овој, заради кого целото множество Јудејци навалија врз мене во Ерусалим и тука, викајќи дека не треба повеќе да живее. 25 Но, јас најдов дека не направил ништо што заслужува смрт; и бидејќи тој самиот се повика на Августа, решив да го испратам. 26 За него немам ништо веродостојно да му напишам на господарот; затоа го изведов пред вас, царе Агрипа, за да имам што да напишам по испитувањето. 27 Зашто ми се чини неразумно да биде испратен окован човек, а да не бидат соопштени обвиненијата против него.”
1 Тогаш Агрипа му рече на Павла: „Ти се дозволува да зборуваш за себе.” И така Павле ја пружи раката и почна да зборува во своја одбрана: 2 ”Царе Агрипа, се чувствувам среќен, што можам да се бранам денес пред тебе, од сè што ме обвинуваат Јудејците; 3 толку повеќе што ти ги познаваш добро јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение. 4 Каков беше мојот живот од младини, што го поминав најпрвин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Јудејци, 5 зашто ме познаваат од почетокот (ако сакаат да посведочат), дека живеев како фарисеј, според најстрогата следба на нашата религија. 6 И сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето, што Бог им го даде на нашите татковци, 7 а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, царе, Јудејците ме обвинуваат. 8 Зошто при вас се смета за неверојатно, дека Бог воскреснува мртви? 9 И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исуса Назареецот; 10 што и го правев во Ерусалим; откако добив овластување од првосвештениците затворив мнозина од светите во темница, а кога ги убиваа давав глас за тоа. 11 И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по туѓите градови. 12 Кога за тоа патував во Дамаск со власт и налог од првосвештениците, 13 на сред бел ден, на патот, царе, видов светлина од небото, посилна од сончевиот блесок, која нè осветли мене и оние, кои патуваа со мене; 14 и кога сите паднавме на земја, чув глас, кој ми зборуваше на еврејски јазик: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко ти е да се риташ против остенот!’ 15 А јас реков: ‘Кој си Ти Господине?’ Господ рече: ‘Јас сум Исус, Кого Ти го гониш. 16 Но стани и застани на своите нозе; зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се Објавам; 17 избавувајќи те од луѓево и од народите, при кои те праќам сега, 18 за да им ги отвориш очите, и да се обрнат од темнината кон светлината; од сатанската власт кон Бога, и преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.’ 19 Затоа, царе Агрипа, не му бев непокорен на небесното видение; 20 туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудејска Земја, а и на народите, дека треба се покајат и да се обрнат кон Бога, вршејќи дела достојни за покајание. 21 Затоа Јудејците ме фатија во Храмот и се обидоа да ме убијат. 22 Но со помошта што ја добив од Бога стојам до денешниот ден и им сведочам на малото и на големото, не зборувајќи ништо друго освен она што Пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне: 23 дека Христос ќе пострада и дека - како прв воскреснат од мртвите - ќе им навести светлина и на народот и на народите.” 24 А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Фест му рече со силен глас: „Безумствуваш Павле! Твоите многубројни писма те довеле до лудило!” 25 А Павле рече: „Не сум луд, честит Фесте, туку зборувам вистина и со здрав разум, 26 зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол. 27 Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!” 28 А Агрипа му рече на Павла: „Со малку ли, сакаш да ме убедиш да станам христијанин!” 29 А Павле рече: „Би Го молел Бога, со малку или со многу, не само ти, туку и сите, кои ме слушаат денес, да станете такви каков што сум јас, освен овие окови.” 30 Тогаш стана царот и управителот, Верникија и сите, кои седеа со нив, 31 и се повлекоа, и зборуваа меѓу себе, велејќи: „Овој човек не направил ништо, што заслужува смрт или окови.” 32 А Агрипа му рече на Феста: „Овој човек, можеше да биде ослободен, ако не се повикал на ќесарот.”
1 А кога беше решено да отпловиме за Италија, му ги предадоа Павла и некои други затвореници на еден стотник од Августовата чета, по име Јулие. 2 Влеговме во еден адрамиски брод, кој ќе пловеше во азиски приморски места и испловивме; со нас беше Аристарх, Македонец од Солун. 3 На другиот ден пристигнавме во Сидон, и Јулие - кој постапуваше човекољубиво со Павла, му дозволи да отиде при своите пријатели, за да се погрижат за него. 4 А кога тргнавме оттаму, пловевме во завет под Кипар, зашто ветровите беа спротивни. 5 Откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме во Ликиска Мира. 6 Таму стотникот најде еден александриски брод, што пловеше за Италија, и нè префрли во него. 7 Повеќе денови пловевме бавно и одвај стигнавме спроти Книд; бидејќи ветерот ни пречеше да допловиме таму, пловевме покрај Салмона, во завет на Крит. 8 Пловејќи со мака покрај брегот, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое беше градот Ласеја. 9 Но кога помина многу време, а пловењето веќе беше опасно, зашто и постот веќе беше минал, Павле ги советуваше, 10 велејќи им: „Мажи, гледам дека пловењето ќе биде со мака и со голема загуба не само за товарот и бродот, туку и за нашите души.” 11 Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот отколку на Павловите зборови. 12 Бидејќи пристаништето не беше згодно за зимување, повеќето одлучија да се отплови оттаму, - за да стигнат, ако некако би било возможно, до критското пристаниште Финик, што гледа кон југозапад и северозапад, и да презимуваат таму. 13 А кога дувна јужниот ветер, помислија дека можат да ја остварат својата намера, ја дигнаа котвата и запловија сосем покрај Крит. 14 Но скоро после тоа задува од Крит бурен ветер, наречен североисточник; 15 и кога го зафати коработ, кој не можеше да му се противставува на ветерот; му се предадовме и така нè носеше; 16 и кога поминувавме на завет на едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го фатиме чунот, 17 и кога го подигнаа на коработ, ги употребија помошните средства и го изврзаа коработ. Но, боејќи се да не удрат во Сирт, ги спуштија платната и така беа носени натаму. 18 Бидејќи нè зафати жестока бура, на другиот ден почнаа да го исфрлаат товарот; 19 а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од коработ. 20 Бидејќи повеќе денови не се покажаа ни сонцето ни ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме. 21 А после долго нејадење, Павле застана меѓу нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа неволја и штета. 22 И сега ве опоменувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да се изгуби, освен коработ. 23 Зашто ангел од Бога, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска, 24 и рече: „Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе.” 25 Затоа, мажи, бидете смели! Зашто Му верувам на Бога, дека ќе биде така како што ми е ветено. 26 Но, ние треба да бидеме исфрлени на некој остров.” 27 А кога настапи четиринаесеттата ноќ, откако бевме терани таму-ваму по Адрија, околу полноќ, бродарите почувствуваа дека се приближуваме до некоја земја. 28 Го фрлија висакот за мерење на длабочина и најдоа дваесет фати, длабочина. Малку потаму го фрлија пак и најдоа петнаесет фати. 29 Боејќи се да не удриме во гребените, спуштија четири котви од задниот дел на бродот; и чекаа да се раздени. 30 А кога бродарите сакаа да побегнат од бродот и го спуштија чунот во морето, под изговор дека сакаат да ги спуштат котвите од предниот дел на бродот, 31 Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на бродот, вие не можете да се спасите!” 32 Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне. 33 А пред разденување, Павле ги молеше сите да јадат и рече: „Денес е четиринаесеттиот ден, како чекате и поминувате без јадење, не вкусувајќи ништо. 34 Затоа ве молам да јадете, зашто тоа е за вашето избавување. На ниеден од вас нема да му пропадне ни влакно од главата.” 35 И кога го рече тоа зеде леб и Му благодари на Бога пред сите, го раскрши и почна да јаде. 36 И сите се ободрија, па и самите јадеа. 37 А во бродот нè имаше вкупно двеста седумдесет и шест души. 38 Кога се наситија, го олеснија бродот, исфрлајќи ја пченицата во морето. 39 А кога се раздени, не ја препознаа земјата, но забележаа еден залив со достапен брег и одлучија таму да го натераат бродот, ако биде возможно. 40 Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето, ги разлабавија и јажињата на кормилата и го кренаа предното едро спроти ветерот, и пловеа кон брегот. 41 А кога удрија во гребен, кому му е морето од двете страни, го истераа бродот во плитко, така што предниот дел наседна и остана неподвижен, а задниот дел се кршеше од силата на брановите. 42 Војниците пак наумија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне. 43 Но стотникот, сакајќи да го спаси Павла, ја спречи нивната намера; и заповеда најнапред да скокнат оние, кои знаат да пливаат, и да излезат на земјата, 44 а другите - едни на даски, а други на какви и да било предмети од бродот. И така стана - сите се спасија на копното.
1 И кога се спасивме, дознавме дека островот се вика Малта. 2 А домородците ни укажаа необично човекољубие; запалија оган и нè примија сите, заради дождот што паѓаше и заради студот. 3 А кога Павле собра многу гранки и ги стави на огнот, излезе змија, натерана од горештината, и му се фати за раката. 4 Домородците, кога видоа дека животното му виси на раката, си велеа еден на друг: „Овој човек секако е убиец: кој се спасил од морето, но и правдата не го остава да живее.” 5 Но тој ја истресе змијата во огнот и не му стана ништо лошо. 6 А тие чекаа дека ќе отече или одненадеж да падне мртов. Откако чекаа долго, видоа дека не му се случи никакво зло, го сменија своето мнение и рекоа дека е бог. 7 А околу тоа место се наоѓаше имотот на поглаварот на островот, по име Поплиј, кој нè прими и нè нагости љубезно три дена. 8 И се случи Поплиевиот татко да лежи болен од треска и болки во желудникот. Павле влезе при него, се помоли, ги положи рацете на него и се исцели. 9 По тој настан и други болни од островото доаѓаа и се исцелуваа. 10 Тие ни искажаа и многу почести, а при заминувањето нè снабдија со сè што ни беше потребно. 11 По три месеци отпловивме со еден александриски брод, што беше презимувал на островот и ги имаше Диоскурите како знак. 12 И кога стигнавме во Сиракуза и останавме таму три дни, 13 а оттаму пловејќи заобиколивме и стигнавме во Ригија; и кога по еден ден дувна јужниот ветер, дојдовме на идниот ден во Потиоли, 14 каде најдовме браќа, кои нè замолија да останеме при нив седум дена. И така тргнавме за Рим; 15 откако браќата, чуја за нас, ни излегоа во пресрет до Апиевата Ширина и до Трите Крчми. Кога Павле ги виде Му благодари на Бога и се охрабри. 16 Штом влеговме во Рим, на Павла му беше дозволено да живее одделно, заедно со војникот, кој го чуваше. 17 А по три дни, Павле ги повика јудејските првенци и кога се собраа, им рече: „Мажи браќа, иако не направив ништо против својот народ ни против татковските обичаи, мене сепак во Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните, 18 кои кога ме испитаа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене немаше никаква вина, што би заслужувала смрт. 19 Но бидејќи Јудејците му се спротивија на тоа, бев принуден да се повикам на ќесарот но не дека имав нешто за да го обвинам својот народ. 20 Ете, затоа ве замолив да дојдете, да ве видам и да ви позборувам, зашто заради Израелевата надеж сум окован во овие вериги.” 21 А тие му рекоа: „Ние не примивме никакво писмо за тебе од Јудеја ниту ни дојде некој од браќата да нè извести или да рече нешто лошо за тебе. 22 Но сакаме да чуеме од тебе што мислиш, зашто ни е познато дека насекаде зборуваат против оваа ерес.” 23 И така му определија еден ден и дојдоа при него мнозина од нив, во станот. И од утро до вечер, тој им излагаше за Божјото Царство со докази и ги уверуваше за Исуса и од Мојсеевиот Закон и од Пророците. 24 И едни поверуваа во тоа што зборуваше, а другите не веруваа. 25 Бидејќи беа несложни меѓу себе, почнаа да се разотидуваат, откако Павле им рече уште еден збор: „Добро им кажа Светиот Дух на вашите татковци, преку пророкот Исаија, 26 велејќи: ‘Оди при овој народ и кажи му: ќе слушате и не ќе разбирате; ќе гледате и нема да видите; 27 зашто закораве срцето на овој народ и со ушите тешко слушаат; а своите очи ги затворија, за да не гледаат со очите и да не слушаат со ушите; и да не разбираат со срцето; и да не се обратат и да не ги исцелам.’ 28 Затоа, да знаете дека ова Божјо спасение им е испратено на народите, и тие ќе го чујат!” 29 Кога го рече тоа, Јудејците си отидоа, препирајќи се многу меѓу себе. 30 А тој остана цели две години во својот стан, под наем, и ги примаше сите, кои му доаѓаа; 31 и проповедајќи го Божјото Царство и учејќи за Господа Исуса Христа наполно слободно и без пречка.
1 Јаков, слуга на Бога и на Господа Исуса Христа, до дванаесетте распрснати племиња, поздрав. 2 Сметајте ја за чиста радост браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, 3 знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпение! 4 А трпението нека има совршено дело, за да бидете совршени и потполни: без никаков недостаток. 5 Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без укор - и ќе му се даде. 6 Но да моли со вера, без никакво сомнение; зашто оној кој се сомнева е сличен на морскиот бран кого ветерот го издига и го тера. 7 Таквиот човек да не мисли, дека ќе прими нешто од Господа. 8 Човекот со разделена душа е непостојан во сите свои патишта. 9 Бедниот брат да се фали во својата возвишеност, 10 а богатиот во својата понизност, зашто ќе помине како цветот на тревата. 11 Зашто сонцето изгреа со жега и ја осуши тревата, па нејзиниот цвет отпадна и исчезна убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите патишта. 12 Блажен е човекот, кој поднесува искушение, зашто кога ќе биде испитан, ќе прими венец на живот, што Бог им го ветил на оние, кои Го љубат. 13 Ниеден, кој е искушуван, да не рече: „Бог ме искушува.” Зашто, Бог не се искушува од злото, и Самиот никого не искушува. 14 Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами. 15 Потоа похотта зачнува и раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт. 16 Не заблудувајте се, возљубени браќа мои. 17 Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена. 18 Тој нè роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија. 19 Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев, 20 зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога. 21 Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души. 22 Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси. 23 Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало; 24 ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил. 25 А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност. 26 Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна. 27 Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.
1 Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој! 2 Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека, 3 па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!” а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!” или „Седни до моето подножје.” 4 Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?” 5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат? 6 А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата? 7 Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени? 8 Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!”- добро правите. 9 Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници. 10 Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè. 11 Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!” рекол и: „Не убивај!” Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот. 12 Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата. 13 Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот. 14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси? 15 Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна, 16 па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!” а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата? 17 Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. 18 Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела. 19 Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат. 20 Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва? 21 Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? 22 Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. 23 И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.” 24 Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера. 25 Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат? 26 Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.
1 Не бидете, браќа мои, мнозина од вас учители, зашто знаеме дека ќе бидеме построго осудени за тоа. 2 Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело. 3 И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело. 4 Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја. 5 Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума! 6 И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот. 7 Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род, 8 но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров. 9 Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие. 10 Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така. 11 Тече ли од изворот, од ист отвор, слатка и горчлива вода? 12 Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Така ни солениот извор не може да даде слатка вода. 13 Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со добро владеење нека ги покаже своите дела во мудра смиреност. 14 Ако ли пак во своето срце имате горчлива завист и карање, не се фалете и не лажете против вистината! 15 Тоа не е мудрост, која слегува одозгора, туку е земна, душевна, демонска; 16 зашто каде се зависта и карањато, таму е неред и секакво лошо нешто. 17 А мудроста која доаѓа одозгора, пред сè: е чиста, потоа мирољубива, блага, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна. 18 А плодот на правдата се сее во мир, за оние кои создаваат мир.
1 Од каде се војните и од каде се борбите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсни желби, што се борат во вашите членови? 2 Сакате и немате, убивате и завидувате, и не можете да постигнете; се борите и војувате. Немате, зашто не молите. 3 Барате, но не добивате, зашто барате погрешно, за да го трошите во вашите страсни желби. 4 Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство против Бога? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бога. 5 Или, мислите ли дека Писмото вели напразно: „До ревност го љуби духот, кој живее во нас?” 6 Но дава поголема благодат. Затоа вели: „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат.” 7 И така, покорете Му се на Бога; а противите се на ѓаволот и ќе побегне од вас. 8 Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; Исчистете ги рацете, грешници, и очистете ги срцата, луѓе со разделена душа! 9 Бидете нажалени, тагувајте, и заплачете: вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост! 10 Бидете понизни пред Господа, и Тој ќе ве возвиши! 11 Не клеветете се еден друг, браќа; кој го клевети својот брат или го суди својот брат, го клевети законот и го суди законот. А ако го судиш законот, не си извршител на законот, туку негов судија. 12 Само еден е Законодавец и Судија, Кој може и да спаси и да погуби. А кој си ти, што го осудуваш ближниот? 13 Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во овој или во оној град, и таму ќе останеме една година, и ќе тргуваме и ќе спечалиме”, 14 вие, кои не знаете што ќе биде утре: зашто, што е вашиот живот? Вие сте пареа, која се јавува за миг, и потоа исчезнува. 15 Место да зборувате: „Ако Господ сака, ќе живееме и ќе направиме ова или она”, 16 вие сега се фалите во својата надуеност. Секоја таква фалба е зла. 17 И така, кој знае да прави добро, а не го прави, грев му е.
1 Послушајте сега, вие богати: плачете и ридајте над неволјите, што идат на вас. 2 Вашето богатство изгни, и молците ги изедоа вашите раскошни облеки. 3 Вашето злато и сребро за’рѓа; и нивната ‘рѓа ќе биде сведоштво против вас, и како оган ќе ги проголта вашите тела. Насобравте богатство во последните денови. 4 Еве, платата на работниците, кои ги ожнија вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите. 5 Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано; ги потхранивте своите срца, како за денот на клање. 6 Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не ви се противи. 7 И така, бидете трпеливи, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не го прими раниот и доцниот дожд. 8 Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто е близу Госповото доаѓање. 9 Не воздивнувајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата. 10 За пример на злострадањата и на долготрпението земете ги, браќа, пророците, кои зборуваа во Господово име. 11 Ете, блажени ги наречуваме оние, кои претрпеа. Чувте за трпењето на Јов, а видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е многумилостив и сочувствителен. 12 А пред сè, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да”, да биде „да”, а вашето „не” - „не”, за да не паднете под суд. 13 Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога. 14 Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа, 15 и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени. 16 И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила. 17 Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. 18 И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод. 19 Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати, 20 нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови.
1 Петар, апостол на Исуса Христа, до избраните придојденици, растурени по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија, 2 според провидението на Бог Таткото, во осветувањето на Духот, за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа: благодатта и мирот да ви се умножи. 3 Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост, преку воскресението на Исуса Христа од мртвите, нè роди одново за жива надеж, 4 за непоминливо наследство, и неизвалкано, и кое не вене, запазено во небесата за вас, 5 кои Божјата сила ве чува, преку верата, за спасение, подготвено да се открие во последното време. 6 Во ова радувајте се, макар да сте сега за малку наскрбени, ако е потребно во разни искушенија, 7 та вредноста на вашата вера, која е поскапоцена од пропадливото злато - кое се испитува во оган - да се покаже, за пофалба, слава и чест, при откровението на Исуса Христа, 8 Кого Го љубите иако не сте Го виделе; во Кого верувате сега, иако не Го гледате; и се радувате со неискажлива и прославена радост, 9 зашто ја постигнувате целта на својата вера: спасението на душите. 10 Ова спасение го бараа и го испитуваа пророците, кои пророкуваа за благодатта што ви е наменета; 11 тие испитуваа на кое и на какво време посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив, кога однапред навестуваше за Христовите страдања и за славите по нив. 12 Ним им беше откриено дека не служеа за себе, туку за вас, со ова што сега ви го објавија преку оние, кои ви го проповедаа Евангелието преку Светиот Дух, испратен од небото, во што ангелите сакаат да вникнат. 13 Затоа, препашете ги бедрата на вашиот ум, бидете трезвени, имајте полна надеж во благодатта, која ќе ви биде донесена при откровението на Исуса Христа. 14 Како послушни чеда, не управувајте се според некогашните страсти, кои ги имавте во своето незнаење, 15 туку според Светецот, Кој ве повика, бидете и самите свети во целото свое држење, 16 зашто е напишано: „Бидете свети, зашто Јас Сум свет.” 17 И кога Го наречувате Татко Оној, Кој не гледајќи кој е кој, го суди според делата секој поединец, поминувајте го во страв времето на својот живот како придојденици, 18 знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато, од својот суетен живот што ви е предаден од вашите татковци, 19 туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне, 20 Кој беше предназначен, пред создавањето на светот, а се јави на крајот на времето заради вас; 21 кои преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, така што вашата вера и вашата надеж да бидат во Бога. 22 Откако преку Духот ги очистивте вашите души во послушност кон вистината, за нелицемерно братољубие; љубете се истрајно еден друг од чисто срце, 23 зашто сте новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливото живо и вечно Божјо слово. 24 Зашто „секое тело е како трева, и сета нејзина слава како цвет од трева: тревата се осушува и цветот и опаѓа, 25 а Господовото слово останува довека.” А тоа е словото, кое ви е објавено како Евангелие.
1 И така, положете ги настрана: секоја злоба и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секаква клевета. 2 Како новородени деца, копнејте по чисто духовно млеко на словото, за да пораснете преку него за спасение, 3 ако сте вкусиле дека Господ е добар. 4 Пристапете при Него, живиот Камен, Кого навистина луѓето Го отфрлија, но Кој е од Бога избран, и скапоцен, 5 та дозволете од самите вас, како живи камења, да се изгради духовен дом, свето свештенство, за да принесувате духовни жртви, кои Му се пријатни на Бога, преку Исуса Христа. 6 Зашто пишува во Писмото: „Еве, поставувам во Сион аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами.” 7 Така, за вас, кои верувате, Тој е скапоцен; а за оние кои не веруваат: „Каменот, кого го отфрлија ѕидарите, но Кој стана аголен камен,” 8 и „камен за сопнување, и стена на соблазнување,” на која се сопнуваат оние, кои се непокорни на словото: за што се и определени. 9 А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, народ придобиен, за да ги прогласите славните дела на Оној, Кој ве повика од темнина во Својата чудесна светлина; 10 вие кои некогаш не бевте народ, сега сте Божји народ; вие кои некогаш не бевте помилувани, сега сте помилувани. 11 Возљубени, ве молам: како туѓинци и придојденици да се воздржувате од телесните желби, зашто тие војуваат против душата. 12 Однесувајте се добро меѓу народите, така што токму во она за што ве клеветат како злосторници; врз основа на вашите добри дела, кога ќе ги видат, да Го прослават Бога во денот на посетата. 13 Заради Господа покорувајте и се на секоја човечка власт: било на цар, како врховник, 14 било на управителите, како негови пратеници, за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние, кои прават добро! 15 Зашто ова е Божја волја: правејќи добро да го замолкнете незнаењето на неразумните луѓе, 16 како слободни; и не како оние, кои ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку како Божји слуги! 17 Почитувајте ги сите, љубете го братството, бојте се од Бога, почитувајте го царот! 18 Слуги, покорувајте им се на своите господари со целосен страв, но не само на добрите и кротките, туку и на суровите! 19 Зашто тоа е благодат, кога некој страда несправедливо и поднесува маки, заради сознанието за Бога. 20 Имено, каква е пофалбата ако трпите, кога ве казнуваат за вашите престапи? Но, ако страдате и трпите, кога правите добро, тоа е благодат од Бога. 21 Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки. 22 Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста. 23 Тој, Кој беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној, Кој суди праведно. 24 Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревовите, да живееме за правдата; преку Неговите рани се исцеливте. 25 Зашто скитавте како овци, но сега се вративте при Пастирот и Чуварот на вашите души.
1 Така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та ако некои не му се покоруваат на словото, да бидат придобиени без слово, со однесувањето на своите жени, 2 кога ќе го видат вашето поведение во страв и чистота. 3 Вашиот украс да не биде надворешен: во плетење на косата, во ставање на злато или во облекување на разни облеки - 4 туку: сокриениот човек на срцето во непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух, што е од голема вредност пред Бога. 5 Зашто така некогаш се украсуваа светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на своите мажи, 6 како што Сара му беше послушна на Авраама и го наречуваше господар; вие сте нејзини ќерки, кога правите добро, не плашејќи се од никакво заплашување. 7 Така и вие, мажите, живејте благоразумно со жените како со послаб сад, искажувајќи им почитување како на сонаследнички на благодатта на животот, за да бидат вашите молитви без пречка. 8 Најпосле, бидете сите сложни во мислењето, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, понизни; 9 не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, зашто сте повикани за тоа, за да наследите благослов. 10 Зашто „кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик од зло и своите усни од измамливо зборување; 11 нека се отстрани од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека го следи; 12 зашто Господовите очи гледаат на праведниците и Неговите уши ги слушаат нивните молитви, а Господовото лице е против оние, кои прават зло.” 13 И кој ќе ви стори зло, ако ревнувате за доброто? 14 А ако и страдате заради правдата, бидете блажени! „Не плашете се, ниту се збунувајте од нивните закани,” 15 туку осветувајте Го во своите срца Христа како Господа, секогаш подготвени за одговор на секого, кој ја бара причината на надежта, која е во вас, но со кротост и со страв, 16 имајќи добра совест, та оние кои го навредуваат вашето добро поведение во Христа, да се посрамат за она за што ве клеветат. 17 Зашто е подобро, ако сака Божјата волја, да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло. 18 Зашто и Христос умре еднаш за гревовите, Праведен за неправедните, за да нè приведе при Бога; навистина, Тој, Кој беше убиен во тело, оживе Духом; 19 во Него, Тој отиде тогаш, и објави на духовите во Подземјето; 20 кои беа непокорни некогаш, кога Божјото трпение ги чекаше во Ноевото време, додека се градеше ковчегот, во кој само малку од нив, односно осум души, се спасија преку водата. 21 Одговарајќи на оваа слика, крштавањето, - кое не е отстранувањето на телесната нечистота,- туку е одговор на добра совест кон Бога, сега и вас ве спасува, преку воскресението на Исуса Христа, 22 Кој е оддесно на Бога, откако отиде во небото, каде Му се покорија ангелите, и властите, и силите.
1 И така, бидејќи Христос пострада во телото за нас, вооружете се и вие со истата мисла - зашто кој пострадал во тело прекинал од гревот, 2 та останатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките страсти, туку според Божјата волја. 3 Зашто доста е што во минатото време ја вршевте волјата на народите со тоа што живеевте во разврати, во страсти, во пијанства, во гозби, во опијанувања и во беззаконско идолопоклонство. 4 Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и ве хулат; 5 тие ќе Му дадат сметка на Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите. 6 Имено, затоа им е проповедано Евангелието и на оние кои се сега мртви, за тогаш да беа судени по човечки во телото, а со духот сега да живеат според Бога. 7 А крајот на сè е близу. И така, бидете разумни и бдејте во молитвите. 8 Пред сè имајте постојана љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови. 9 Бидете гостољубиви еден кон друг без негодување. 10 Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат. 11 Ако некој говори, нека зборува како Божји зборови; ако некој служи, нека служи како по силата, која Бог ја дава, за да се слави во сè Бог преку Исуса Христа, Кому Му припаѓаат славата и силата во сите векови. Амин. 12 Возљубени мои, не чудете се на огненото испитување, што се појави меѓу вас, за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично, 13 туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и да се веселите при откровението на Неговата слава. 14 Блажени сте ако ви префрлуваат за Христовото име, зашто тогаш Духот на славата и Божјиот Дух почива врз вас. Вистина, - според нив, Тој е похулен, но според вас, Тој е прославен. 15 Имено, никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној, кој се меша во туѓи работи; 16 но, ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го слави Бога со тоа име, 17 зашто е време да почне судот од Божјиот дом; а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? 18 И „ако праведникот одвај се спасува, каде ќе се покажат безбожникот и грешникот?” 19 Затоа и оние, кои страдаат по Божја волја, да Му ги предадат своите души на верниот Создател, правејќи добро.
1 Старешините меѓу вас ги повикувам јас, кој сум и самиот старешина и сведок на Христовите страдања и учесник во славата, која ќе се открие: 2 пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас, и надгледувајте го, не со сила, туку драговолно, како што Бог сака; не од желба за срамна печалба, туку од добро срце; 3 и не како да господарите над оние, кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. 4 И кога ќе се појави Надпастирот, ќе примите круна на слава, што не вене. 5 Така и вие помладите покорувајте им се на старешините. А сите еден кон друг препашете се со смиреност, зашто „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.” 6 И така, понизете се под силната Божја рака, за да ве возвиши во право време. 7 И секоја своја грижа фрлете ја на Него, зашто Тој се грижи за вас. 8 Бидете трезвени и бдејте: вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика, барајќи некого да го проголта. 9 Спротивете му се, цврсти во верата, знаејќи дека истите страдања се довршуваат во вашите браќа по светот. 10 А Бог на секоја благодат, Кој ве повикал во Христа Исуса за Својата вечна слава, по вашето кратко страдање, Сам ќе ве усоврши, зацврсти, зајакне и ќе ве направи непоколебливи. 11 Нему слава и власт во векови на вековите. Амин! 12 По Силвана, верниот брат, каков го сметам, ви го напишав ова накратко, за да ве опоменам и да ви посведочам дека ова е вистинска Божја благодат, во која стоите. 13 Ве поздравуваат со вас избраната црква во Вавилон и мојот син Марко. 14 Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, кои сте во Христа. Амин!
1 Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа, до оние, кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос ја примија истата скапоцена вера како и ние: 2 благодат и мирот да ви се умножи во познавањето на Бога и Исуса, нашиот Господ. 3 Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нè повика преку Својата сопствена слава и добродетел, 4 со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако и избегавте на расипаноста, која е во светот, преку сладострастието, кое владее во светот; 5 заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење; 6 а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност; 7 а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов. 8 Зашто, ако го имате сè тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос, 9 но, кој го нема тоа, слеп е и кусоглед: зашто заборавил дека е очистен од своите стари гревови. 10 Затоа, браќа, погрижете се уште повеќе да го зацврстите својот позив и избор. Имено, ако го правите тоа никогаш нема да се сопнете. 11 Зашто така ќе ви се даде изобилно влегување во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. 12 Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам за овие работи, иако вие ги знаете, и сте утврдени во сегашната вистина. 13 Но сметам дека е право, додека сум во овој шатор на своето тело, да ве разбудувам со напомнување, 14 зашто знам дека скоро ќе го оставам мојот шатор, како што ме извести за тоа нашиот Господ Исус Христос. 15 А ќе настојувам вие, и по моето заминување, да си спомнувате секогаш за ова. 16 Зашто кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, ние не следевме лукаво измислени бајки, но станавме очевидци на Неговото величие. 17 Зашто Тој прими од Бог Таткото чест и слава, кога од величествената слава Му дојде гласот: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината.” 18 Ние го чувме гласот, кој дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора. 19 И така имаме поцврсто пророчко слово; а вие правите добро што внимавате на него, како на светило што свети во темно место, додека не осамне денот и Деница засвети во вашите срца. 20 Знајте го ова пред сè: ниедно пророштво во Писмото не може да се толкува како кој сака, 21 зашто никогаш пророштвото не дошло од човечка волја, туку светите Божји луѓе зборувале носени од Светиот Дух.
1 А имаше и лажни пророци во народот, како што ќе има и меѓу вас лажни учители, кои тајно ќе внесуваат гибелни кривоверства и ќе Го одречуваат Господа, Кој ги откупил, навлечувајќи врз себе брза погибел. 2 И мнозина ќе тргнат по нивната разузданост, заради кои ќе се хули патот на вистината. 3 И во лакомство ќе ве искористуваат со измислени зборови, но нивното осудување е одамна готово и нивната гибел не дреме. 4 Зашто ако Бог не ги поштеди ангелите, кои згрешија, туку ги фрли во мрачните бездни и ги предаде да бидат чувани за судот; 5 и ако не го поштеди стариот свет, туку го запази само Ное, проповедникот на правдата, со уште седум души, кога наведе потоп врз безбожничкиот свет; 6 ако ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомор и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на идните безбожници; 7 и ако го избави праведниот Лот, кого го мачеше развратниот живот на беззакониците, 8 - зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше одденнаден својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела, - 9 тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, а неправедните да ги запази за казнување до денот на судот; 10 а особено оние, кои одат по нечистите похоти на телото и го презираат господството. Како дрски и своеволни луѓе тие не се плашат да ги хулат величествата, 11 додека ангелите, кои се поголеми по сила и снага, не изговараат хулна осуда против нив пред Господа. 12 А овие, како неразумни животни, кои се по природа определени да бидат ловени и истребувани, хулат на она што не го знаат, и самите ќе загинат во својот разврат, 13 добивајќи казна за неправдата. Тие го сметаат развратниот живот дење за своја наслада, валкани и срамни се тие, кои се честат со своите измами кога се гостат со вас. 14 Нивните очи се полни со прељуба и не се одречуваат од гревот; тие ги заведуваат неутврдените души: имаат срце научено на лакомство; тие се деца на проклетството. 15 Го оставија вистинскиотпат и заблудија, и тргнаа по патот на Валаама, синот Восоров, којпосака неправедна плата, 16 но прими укор за своето беззаконие: нема ослица проговори со човечки глас и го спречи пророковотобезумство. 17 Тоа се безводни извори и облаци, што ги тера виорот; за кои се пази темен мрак засекогаш. 18 Зашто со тоа што зборуваат високозвучни и суетни зборови ги мамат преку телесните страсни желби и преку разузданост оние, кои што туку избегале од оние кои живеат во заблуда; 19 им ветуваат слобода, а самите и робуваат на расипаноста, зашто од што е некој победен, на тоа и му робува. 20 Зашто ако оние кои со вистинското познавање на Господа, Спасителот Исуса Христа и избегаа на светската расипаност и пак се заплеткуваат во неа, и ако таа ги победи, тогаш последново им станува полошо од првото. 21 Имено, за нив би било подобро да не го познаваа патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се одвратат од светата заповед, која им е предадена. 22 Ним им се случува она што вели вистинската поговорка: „Песот се враќа на својата блувотина,” и „Искапената свиња се враќа да се валка во калта.”
1 Возљубени, ова е веќе второ послание, што ви го пишувам, и во двете го разбудувам, преку напомнување, вашиот чист разум, 2 за да си спомните за зборовите кои светите пророци ги кажаа однапред, и за заповедта на Господа и Спасителот, која ви ја предадоа вашите апостоли. 3 Знајте го пред сè ова: дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои со своите подигрувања ќе одат по сопствените страсти и ќе велат: 4 ”Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто откако - умреа татковците сè стои така, како од почетокот на создавањето.” 5 Кога своеволно сакаат така, тогаш за нив останува сокриено дека преку Божјото слово небесата беа одамна, и дека земјата од водата и преку водата го доби своето постоење, 6 преку тоа и тогашниот свет беше потопен со вода и така пропадна. 7 А сегашните небеса и земјата со истото слово се запазени, и се чуваат за оган до денот на судот и погибелта на безбожните луѓе. 8 Но едно не смее да ви биде непознато, возљубени: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден. 9 Господ не го забавува тоа што го ветил, како што некои мислат за тоа бавење, туку го покажува Своето трпение кон вас, зашто не сака некој да пропадне, туку сите да дојдат до покајание. 10 А Господовиот ден ќе дојде како крадец во ноќта; во тој ден небесата ќе поминат со голема бучава, а вжарените стихии ќе се распаднат и земјата ќе изгори со сите дела што се во неа. 11 Бидејќи сè ова ќе се распадне така, какви треба да бидете во светото владеење и во побожноста, вие 12 кои го очекувате и забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, кога запалените небеса ќе се распаднат и вжарените стихии ќе се стопат? 13 А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои пребива правдата. 14 Затоа, возљубени, додека го очекувате ова, погрижете се Тој да ве најде чисти и непорочни во мир. 15 А долготрпеливоста на нашиот Господ сметајте ја како спасение, како што и нашиот возљубен брат Павле ви напишал, според дадената му мудрост; 16 како што и во сите свои писма зборува за ова; во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел. 17 И така вие, возљубени, кога го знаете ова однапред, пазете се заблудата на беззакониците да не ве повлече со себе и да не отпаднете од својата цврста положба, 18 туку растете во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и во денот на вечноста. Амин!
1 Она, што беше од почетокот, што го чувме, што го видовмесо своите очи, што го набљудувавме и што го опипаа нашите раце, за Словото на Животот - 2 и животот се јави, и ние Го видовме и сведочиме и ви навестуваме вечен живот, Кој беше со Таткото, и ни се јави нам - 3 она, што го видовме и чувме, тоа ви го навестуваме и вам, за да имате и вие заедништво со нас. А нашето заедништво е со Таткото и со Неговиот Син Исус Христос. 4 Ние ви го пишуваме ова, за да биде вашата радост полна. 5 И ова е веста што ја чувме од Него и што ви ја јавуваме вам: Бог е светлина и во Него нема никаква темнина. 6 Ако речеме дека имаме заедништво со Него, а одиме во темнина, лажеме и не ја вршиме вистината. 7 Ако пак одиме во светлина, како што е Тој Самиот во светлина, имаме заедница еден со друг, и крвта на Неговиот Син Исуса Христа нè очистува од секој грев. 8 Ако речеме дека немаме грев се измамуваме сами себе, и вистината не е во нас. 9 Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда. 10 Ако речеме дека не сме згрешиле Него Го правиме лажец, и Неговото слово не е во нас.
1 Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не згрешите; и ако некој згреши, имаме Бранител при Таткото: Исуса Христа, Праведникот. 2 Тој е жртва помирница за нашите гревови; не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет. 3 И по тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги пазиме Неговите заповеди. 4 Кој вели: „Го познав”, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него. 5 А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. 6 Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој. 7 Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја примивте од почеток; старата заповед е словото, што сте го чуле. 8 Но сепак ви пишувам нова заповед; - и тоа е вистинско и во Него и во вас - зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети. 9 Кој вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој е досега во темнината. 10 Кој го љуби својот брат останува во светлината и во него нема соблазан. 11 А кој го мрази својот брат во темнината е и во темнината оди, и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите. 12 Ви пишувам, дечиња, зашто ви се простени гревовите, заради Неговото име. 13 Ви пишувам, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почетокот; ви пишувам вам, млади, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав, дечиња, зашто Го познавте Таткото. 14 Ви напишав, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почеток. Ви напишав, млади, зашто сте силни и зашто Божјото слово пребива во вас и зашто го победивте лукавиот. 15 Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта од Бога Таткото не е во него, 16 зашто сè што е во светот: - похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, не е од Таткото, туку од светот. 17 А светот поминува и неговата похот, а кој ја извршува Божјата волја останува довека. 18 Деца, последен час е; и, како што сте чуле дека антихрист иде, така сега се подигнаа многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час. 19 Од нас излегоа, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас, туку требаше да се покаже дека не се сите од нас. 20 А вие имате помазание од Светиот и знаете сè. 21 Не ви пишав како да не ја знаете вистината, туку зашто ја знаете и зашто ниедна лага не е од вистината. 22 Кој е лажецот, ако не оној, кој одречува дека Исус е Христос? Ова е антихрист - кој ги одречува Таткото и Синот. 23 Секој, што Го одречува Синот Го нема ни Таткото; кој Го исповедува Синот, Го има и Таткото. 24 Што чувте од почетокот тоа да остане во вас. Ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и Таткото. 25 А ова е ветувањето што Тој ви го вети: вечен живот. 26 Ова ви го пишав заради оние, кои ве заведуваат. 27 А вие, во вас останува помазанието што го примивте од Него и не е потребно некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве учи за сè, и е вистинско и не е лага, и како што ве научи, така останете во Него. 28 И сега, дечиња, останете во Него, за да имаме смела доверба кога ќе се јави Тој и за да не се засрамиме пред Него, при Неговото доаѓање. 29 Ако знаете дека Тој е праведен, знајте дека секој кој врши правда, е роден од Него.
1 Гледајте каква љубов ни дал Таткото: да се наречуваме Божји деца. А тоа и сме! Затоа светот не нè познава нас, зашто не Го позна Него. 2 Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога ќе се открие ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме Онаков Каков што е. 3 И секој кој ја има оваа надеж во Него, се очистува самиот, како што е и Тој чист. 4 Секој кој врши грев, врши и беззаконие; и гревот е беззаконие. 5 И знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите, а во Него нема грев. 6 Секој кој останува во Него, не греши; секој кој греши, не Го видел Него, ниту Го познал. 7 Дечиња, никој да не ве заблудува. Кој врши правда праведен е, како што е Тој праведен. 8 Кој врши грев од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот. 9 Секој, Кој е роден од Бога не врши грев, зашто Неговото семе останува во него; и не може да греши, зашто е роден од Бога. 10 По ова се познаваат Божјите деца и ѓаволските деца: секој, кој не врши правда и не го љуби својот брат, не е од Бога. 11 Зашто ова е веста што ја чувте од почеток: да се љубиме еден со друг! 12 Не како што Каин беше од лукавиот и го уби брата си. И зошто го уби? Зашто неговите дела беа зли, а на брата му - праведни. 13 Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази. 14 Ние знаеме дека преминавме од смртта во живот, зашто ги љубиме браќата. Кој не го љуби братот свој, тој пребива во смртта. 15 Секој, кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот. 16 По тоа ја познавме љубовта, што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата. 17 А кој има светски блага и го види брата си во немаштина, па го затвори своето срце кон него, како ќе остане Божјата љубов во него? 18 Дечиња мои, да не љубиме со зборови или само со јазикот, туку во дело и вистина. 19 По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, па ќе ги увериме своите срца пред Него, 20 зашто кога нашето срце нè осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сè. 21 Возљубени, ако срцето не нè осудува, имаме смелост пред Бога, 22 и што и да Го замолиме, примаме од Него, зашто ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него. 23 А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. 24 И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој - во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал.
1 Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот. 2 По ова познавајте го Духот на Бога: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, од Бога е; 3 а секој дух кој не исповедува дека Исус Христос дојде во телото, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека иде, и сега е веќе во светот. 4 Вие сте од Бога, дечиња, и вие ги победивте, зашто е поголем Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот. 5 Тие се од светот, затоа зборуваат светски и светот ги слуша. 6 Ние сме од Бога, кој Го познава Бога нè слуша нас; кој не е од Бога не нè слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата. 7 Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога. 8 А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов. 9 Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. 10 Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нè возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови. 11 Возљубени, ако Бог нè возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг. 12 Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас. 13 По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух. 14 И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот. 15 Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога. 16 И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него. 17 Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден, зашто каков е Тој, такви сме и ние во светов. 18 Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот; зашто стравот вовлекува казна; а кој се бои, не дошол до совршенство во љубовта. 19 Ние Го љубиме, зашто прво Тој нè возљуби нас. 20 Ако некој рече: „Го љубам Бога”, а го мрази брата си, лажец е; зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел. 21 И оваа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и својот брат.
1 Секој, кој верува дека Исус е Христос, роден е од Бога; секој, кој го љуби Родителот, го љуби и оној, кој е роден од Него. 2 По тоа познаваме дека ги љубиме Божјите деца: кога Го љубиме Бога и ги пазиме Неговите заповеди. 3 Зашто ова е љубовта Божја: да ги исполнуваме Неговите заповеди; а Неговите заповеди не се тешки, 4 зашто сè што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата која го победи светот: нашата вера. 5 Кој е тој, кој го победува светот, ако не оној, кој верува дека Исус е Божји Син? 6 Тој е Оној Кој дојде преку вода и крв, Исус Христос; не само со водата, туку со водата и со крвта; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистината. 7 (Зашто тројца се Кои сведочат во небото: Таткото, Словото и Светиот Дух; и Овие Три се едно). 8 И тројца се Кои сведочат на земјата: Духот и водата и крвта, и овие три се согласни. 9 Ако го примаме сведоштвото на луѓето, Божјото сведоштво е поголемо. А ова е Божјото сведоштво, дека сведочеше за Својот Син. 10 Кој верува во Божјиот Син, го има сведоштвото во себе; кој не Му верува на Бога, Го направил лажец, зашто не поверувал во сведоштвото, кое Бог го сведочел за Својот Син. 11 И ова е сведоштвото: Бог ни даде вечен живот, и тој живот е во Неговиот Син. 12 Кој Го има Синот, има живот; кој Го нема Божјиот Син, нема живот. 13 Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Божјиот Син, за да знаете дека имате вечен живот и да верувате во името на Божјиот Син. 14 И ова е смелоста која ја имаме кон Него: дека нè слуша ако просиме нешто по Неговата волја. 15 И кога знаеме дека нè слуша, што и да Го молиме, знаеме дека ги имаме добиено молбите што ги побаравме од Него. 16 Ако некој го види својот брат да врши грев, што не води кон смрт, нека моли, и ќе му даде живот, имено на оние, кои не вршат грев што води кон смрт. Има грев што води во смрт, за тој грев не велам да моли. 17 Секоја неправда е грев, а има грев што не води во смрт. 18 Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него. 19 Знаеме дека ние сме од Бога, а целиот свет е во власта на лукавиот. 20 Исто така, знаеме дека Божјиот Син дојде и ни даде разум, за да Го познаеме Вистинскиот. И ние сме во Вистинскиот, во Неговиот Син Исус Христос. Тој е вистински Бог и вечен живот. 21 Дечиња, пазете се од идолите. Амин!
1 Од старешината, до избраната госпоѓа и нејзините деца, кои ги љубам во вистина, и не само јас, туку и сите, кои ја познаа вистината, 2 заради вистината, што останува во нас и што ќе биде со нас довека. 3 Благодат, милост и мир ќе бидат со нас од Бог Таткото и од Господа Исуса Христа, Синот на Таткото, во вистина и љубов. 4 Многу се зарадував зашто меѓу твоите деца најдов такви, кои одат во вистината, како што примивме заповед од Таткото. 5 И сега те молам, госпоѓо, - не како да ти пишувам нова заповед, туку онаа што ја имавме од почеток: да се љубиме еден друг. 6 А љубов е ова: да одиме според Неговите заповеди. Тоа е заповедта, како што чувте од почетокот, во која треба да одите. 7 Зашто многу измамници излегоа во светот, кои не исповедаат дека Исус Христос дојде во тело; - тоа е измамник и антихрист. 8 Пазете се да не го изгубите она што сме го спечалиле, туку да примите полна награда. 9 Секој, кој оди натаму и не останува во Христовата наука, Го нема Бога. Кој останува во Христовата наука, тој Го има и Таткото и Синот. 10 Ако некој дојде при вас и не ја донесе оваа наука, не примајте го во домот и не поздравувајте го; 11 зашто кој го поздравува, учествува во неговите зли дела. 12 Имам многу да ви пишувам, ама не сакам со книга и мастило, туку се надевам дека ќе ви дојдам и усно да зборувам со вас, за да биде нашата радост полна. 13 Те поздравуваат децата на твојата избрана сестра. Амин!
1 Старешината до возљубениот Гај, кого го љубам во вистина. 2 Возљубен мој, ти посакувам да ти биде добро во сè и да бидеш здрав, како што и е добро на твојата душа. 3 Имено, многу се зарадував кога дојдоа браќата и посведочија за твојата вистина, како ти одиш во вистина. 4 За мене нема поголема радост од тоа: да чујам дека моите деца одат во вистина. 5 Возљубен мој, постапуваш верно во сè што правиш за браќата, и тоа за туѓинците, 6 кои пред црквата ја посведочија твојата љубов; ќе направиш добро, ако ги испратиш по начин, како што е достојно пред Бога, 7 зашто тргнаа поради Неговото име, не примајќи ништо од народите. 8 И така, ние сме должни да ги примаме таквите, за да станеме соработници за вистината. 9 пишав нешто на црквата, но Диотреф, кој сака да биде прв меѓу нив, не нè прими нас. 10 Затоа ако дојдам таму, ќе потсетам за неговите дела, што ги врши, напаѓајќи нè со лоши зборови, и не се задоволува со тоа, туку сам не ги прима браќата, а на оние кои сакаат да ги примат, им забранува и ги гони од црквата. 11 Возљубен мој, не угледувај се на злото, туку на доброто. Кој прави добро од Бога е; кој прави зло, не Го видел Бога. 12 За Димитрија имаше сведоштво од сите - и од самата вистина. А и ние сведочиме; а знаеш дека нашето сведоштво е вистинско. 13 Имав да ти пишувам многу, но не сакам да ти пишам со мастило и перо, 14 а се надевам дека ќе те видам скоро, и ќе разговараме усно.
1 Јуда, слуга на Исуса Христа, а брат Јаковов, до повиканите, кои се возљубени од Бог Таткото и запазени за Исуса Христа: 2 милоста, мирот и љубовта да ви се умножат! 3 Возљубени кога покажав секаква ревност да ви пишувам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба да ви пишам, опоменувајќи ве да се борите усрдно за верата, која им е предадена на светите еднаш за секогаш. 4 Зашто, се вовлекоа некои луѓе, кои се одамна однапред определени за оваа осуда: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја заменуваат во распуштеност и Го одречуваат единствениот Владетел, Бог, и нашиот Господ Исус Христос. 5 А сакам да ви напомнам, иако вие знаете сè еднаш за секогаш, дека Господ првин го избави народот од Египетската земја; потоа ги погуби оние, кои не поверуваа, 6 па и ангелите, кои не го запазија своето прво место, туку го оставија своето живеалиште, ги запази во вечни окови под мрак за судот на великиот Ден; 7 како што Содом и Гомор и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се предадоа на блудство и одеа по други тела, стојат како пример, трпејќи ја казната на вечниот оган. 8 Па сепак овие сонувачи на ист начин го осквернуваат своето тело, го презираат господството и хулат на славите. 9 А Архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те искара!” 10 А овие пак хулат на она, што не го знаат; а она што го знаат по природа како неразумните животни, во тоа пропаѓаат. 11 Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба паднаа во Валаамовата заблуда и загинаа во Кореевата буна. 12 Тие се подводни скали на вашите трпези на љубовта, кои се гостат со вас без страв, пасејќи се себеси; безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрва, двапати умрени и откорнати; 13 бесни морски бранови, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои се чува мрачна темнина довека. 14 А и за овие пророкуваше Енох, седмиот по Адама, велејќи: „Ете, Господ дојде со десет илјадници Свои свети, 15 за да им суди на сите и за да ги изобличи сите безбожници, за сите нивни безбожни дела, што безбожно ги направиле, и за сите навредливи зборови, што безбожните грешници ги изговориле против Него.” 16 Тие луѓе се мрморливци, кои стално се жалат, кои живеат според своите страсти, а нивната уста изговорува горделиви зборови, а кои им ласкаат на одделни личности заради печалба. 17 А вие, возљубени, спомнете си ги зборовите кажани порано од апостолите на нашиот Господ Исус Христос; 18 зашто ви кажаа: „Во последно време ќе се јават потсмевнувачи, кои ќе живеат според своите безбожни страсти.” 19 Тоа се оние што се одделуваат, телесни расположени луѓе - кои немаат Дух. 20 А вие, возљубени, изградувајте се себеси врз вашата пресвета вера, и молете се во Светиот Дух, 21 одржете се себеси во Божјата љубов, ревносно очекувајќи ја милоста на нашиот Господ Исус Христос за вечен живот. 22 И кон едните, кои се сомневаат, бидете милостиви; 23 а другите спасувајте ги, истргнувајќи ги од оган; кон другите пак бидете милостиви со страв, мразејќи ја и облеката онечистена од телото. 24 А на Оној, Кој може да ве запази од сопнување и да ве постави непорочни во радосно воскликнување пред Својата слава, 25 на Единствениот Бог, нашиот Спасител преку Исуса Христа нашиот Господ - слава, величие, сила и власт пред секое време и сега и во сите векови. Амин!
1 Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога, 2 кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма, 3 а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, 4 по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ; 5 преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово, 6 меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа, 7 - до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. 8 Пред сè Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет. 9 И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас 10 секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас; 11 зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување, 12 односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата. 13 Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. 14 Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните. 15 И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим. 16 Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. 17 Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.” 18 Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината; 19 зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа. 20 Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор. 21 Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. 22 Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, 23 и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи. 24 Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; 25 нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин! 26 Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; 27 мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда. 28 И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега: 29 исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, 30 клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите, 31 неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие. 32 Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават.
1 Затоа немаш изговор човеку, кој судиш - кој и да си ти - зашто судејќи го другиот, самиот се осудуваш; бидејќи ти кој судиш, го правиш истото. 2 А знаеме дека Божјиот суд е според вистината врз тие, кои прават такви работи. 3 Мислиш ли, о човеку, кој им судиш на оние, кои прават такви работи, а истото го правиш, дека ќе го избегнеш Божјиот суд? 4 Или ги презираш: богатството на Неговата благост, кротоста и долготрпеливоста, а не знаеш дека Божјата добрина те води кон покајание? 5 Но со твојата закоравеност и со непокајаното срце самиот собираш гнев врз себе, за денот на гневот и на откривањето на праведниот Божји суд, 6 Кој ќе му даде секому според неговите дела: 7 на оние, кои со трпение прават добро и бараат слава, чест и непропадливост - вечен живот; 8 а на оние, кои се противаат и не и се покоруваат на вистината, а се покоруваат на неправдата - гнев и јарост. 9 Неволја и мака на секоја човечка душа, која прави зло; а најпрвин на Јудеец, па и на Грк! 10 А слава, чест и мир за секого, кој прави добро; а најпрвин на Јудеец, па и на Грк! 11 Зашто Бог не гледа на лице. 12 Зашто, кои згрешиле без Закон, без Закон и ќе загинат; а сите кои згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат осудени. 13 Бидејќи, пред Бога не се праведни оние, кои само го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани оние, кои се извршители на Законот. 14 Зашто кога народите, кои немаат Закон, го исполнуваат - по природа - она што Законот го бара; тогаш тие се, немајќи Закон, сами за себе закон. 15 Тие покажуваат дека делото на Законот е напишано во нивните срца, за што сведочат: нивната совест и нивните мисли, што меѓусебно се обвинуваат или се бранат, 16 во Денот, кога Бог преку Исуса Христа, според моето Евангелие, ќе ги суди човечките тајни. 17 Ако ти, кој се наречуваш Јудеец, се потпираш на Законот и се фалиш со Бога, 18 ја знаеш Неговата волја и, поучен од Законот, знаеш да го избереш подоброто; 19 и си уверен дека си водач на слепци, светлина на оние, кои се во темнина, 20 воспитач на неразумните, учител на младите, зашто имаш во Законот олицетворување на знаењето и вистината; 21 и така, ти, кој го учиш другиот, не ли се учиш самиот себе? Ти, кој проповедаш да не се краде, крадеш ли? 22 Ти, кој зборуваш да не се прави прељуба, не вршиш ли прељуба? Ти, кој се гнасиш од идолите, ги ограбуваш ли нивните храмови? 23 Ти, кој се фалиш со Законот, Го обесчестуваш ли Бога со престапување на Законот? 24 ”Па заради вас се хули Божјото име меѓу народите” - како што е напишано. 25 Секако, обрезанието е полезно, ако го исполнуваш Законот; но ако си престапник на Законот, твоето обрезание станува необрезание. 26 И така, ако необрезаниот ги пази прописите на Законот, нема ли неговото необрезание да му биде сметано како обрезание? 27 И така, оној, кој не е телесно обрезан, а го исполнува Законот, ќе ти суди тебе, кој си престапник на Законот - и покрај тоа што го имаш словото на Законот и обрезанието. 28 Зашто не е Јудеец оној, кој е тоа надворешно, ниту е вистинско обрезание она, што е надворешно - врз телото - 29 туку Јудеец е оној, кој е тоа во внатрешноста; а вистинското обрезание на срцето е по Дух, а не по буква. Неговата пофалба не е од луѓето, а од Бога.
1 И така, каква предност има Јудеецот? Или: каква е ползата од обрезанието? 2 Голема, во секој однос. Прво: ним им се доверени Божјите слова. 3 Па што! Ако некои беа неверни, зар нивната неверност ќе ја уништи Божјата верност? 4 Далеку од тоа! Но, Бог нека е вистинит, а секој човек лажец, како што е напишано: „Да бидеш оправдан во своите зборови и да победиш кога се судиш.” 5 Ако нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме? Дали е Бог неправеден, кога се гневи? (човечки зборувам). 6 Далеку од тоа! Како Бог би можел тогаш да му суди на светот? 7 Зашто, ако преку мојата лага се покаже уште повозвишена Божјата вистина за Неговата слава, зошто ми се суди уште како на грешник? 8 ”Зошто да не правиме зло, за да дојде добро?” - како што нè клеветат некои и велат за нас, дека ние зборуваме така? Осудувањето на таквите е праведно. 9 Што тогаш! Дали имаме предност? Никако, зашто веќе ги обвинуваме Јудејците и Грците, дека се сите под грев, 10 како што е напишано: „Нема никој праведен, нема ниту еден; 11 нема разумен, нема кој да Го бара Бога; 12 сите застранија, сите заедно станаа неполезни, нема кој да прави добро, нема ниту еден.” 13 Нивното грло е отворен гроб, измамуваат со јазиците; змиски отров е под нивните усни. 14 Устата им е полна со клевета и горчина. 15 Нозете им се брзи за пролевање крв; 16 запустување и беда се по нивните патишта; 17 тие не го познаваат патот на мирот. 18 Нема Божји страв пред нивните очи.” 19 А знаеме дека сè што вели Законот, им го зборува на оние, кои се под Законот, за да занеми секоја уста и за да биде целиот свет виновен пред Бога, 20 зашто со делата на Законот ниедно тело нема да се оправда пред Него; зашто преку Законот доаѓа самото познавање на гревот. 21 А сега, независно од Законот, се јави Божјата правда, за која сведочат Законот и пророците, 22 и тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика; 23 зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава, 24 но се оправдуваат од Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса, 25 Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение; 26 та да ја покаже Својата правда во сегашно време, за да биде Самиот праведен и за да го оправда оној, кој е од верата на Исуса. 27 И така, каде е фалењето? Исклучено е. Според кој закон? Според законот на делата ли? Не, туку според законот на верата. 28 И така, ние заклучуваме дека човекот се оправдува преку верата, без делата на Законот. 29 Или Бог е само на Јудејците, а не и на народите? Да, и на народите, 30 зашто е само еден Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера. 31 Според тоа, дали го укинуваме Законот преку верата? Далеку од тоа! Туку, со тоа го утврдуваме Законот.
1 И така, што ќе речеме дека нашиот прататко Авраам добил по тело? 2 Зашто, ако е Авраам оправдан врз основа на своите дела, може да се фали, но не пред Бога! 3 Но, што вели Писмото: „Авраам Му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.” 4 А на оној, кој работи, платата не му се засметува по милост, туку по долг; 5 додека на оној, кој не работи, а верува во Оној, Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се засметува за праведност, 6 така и Давид го наречува блажен човекот, кому Бог му ја засметува праведноста без дела: 7 ”Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени! 8 ”Блажен е човекот, кому Господ не му засметува грев!” 9 Дали блаженството се однесува само за обрезаните, или и за необрезаните? Зашто ние велиме: „На Авраама верата му се засмета за праведност.” 10 Па како му се засмета? Кога беше обрезан или кога беше необрезан? Не кога беше обрезан, туку кога беше необрезан. 11 И го прими знакот на обрезанието како печат на праведноста, што ја доби преку верата како необрезан, за да им биде татко на сите, кои веруваат како необрезани; за да им се засмета и ним тоа во праведност, 12 и да им биде татко и на обрезаните, но не на оние, кои се само обрезани, туку кои и одат по стапките на верата на нашиот татко Авраам, која ја имаше додека уште беше необрезан. 13 Зашто, ветувањето на Авраама, или на неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста од верата. 14 Имено, ако се наследници само оние од Законот, тогаш верата е без значење; и ветувањето е поништено. 15 Зашто Законот донесува гнев; а каде нема Закон нема ни престапување! 16 Затоа тоа е од верата, за да биде по благодат, така што ветувањето да му биде обезбедено на сето потомство; не само на она од Законот, туку и на она од Авраамовата вера; кој е татко на сите нас, 17 како што е напишано: „Те поставив татко на многу народи” - пред Бога; Кому Му поверува; Кој ги оживува мртвите и ги повикува оние нешта што не се во битие. 18 Без надеж, тој се надеваше и поверува дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето семе.” 19 И не ослабна во верата, кога го имаше во предвид своето веќе умртвено тело, зашто беше околу сто години, и умртвеноста на Сарината утроба; 20 не се посомнева во Божјото ветување, туку зајакна во верата и Му даде слава на Бога, 21 наполно уверен дека е силен да го исполни она што го ветил. 22 Затоа тоа му се засмета за праведност. 23 Но не е напишано само за него „дека му се засмета” 24 туку и за нас на кои ќе ни се засмета, затоа што веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ. 25 Кој беше предаден за нашите гревови и беше воскреснат за наше оправдание.
1 И така, бидејќи оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ Исус Христос, 2 преку Кого и пристапивме со вера во оваа благодат, во која стоиме, и се фалиме во надежта на Божјата слава. 3 Но не само тоа, туку се фалиме и во неволјите, знаејќи дека неволјата раѓа трпение, 4 трпението - искуство, а искуството - надеж; 5 а надежта пак не разочарува, зашто Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни е даден. 6 Зашто, додека уште бевме слаби, Христос умре во определено време за безбожниците. 7 За праведник одвај некој ќе умре, а за добриот можеби некој и ќе се осмели да умре. 8 Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа, што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници. 9 Сега, откако сме оправдани во Неговата крв, многу повеќе ќе се спасиме од гневот Божји преку Него. 10 Зашто, ако сме помирени со Бога преку смртта на Неговиот Син, додека бевме непријатели; толку повеќе - веќе помирени - ќе се спасиме во Неговиот живот. 11 И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување. 12 Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот - смртта; така смртта помина на сите луѓе, зашто сите згрешија. 13 Имено: гревот беше во светот уште пред Законот; но гревот не се засметува кога нема Закон. 14 Смртта пак царуваше од Адама до Мојсеја и над оние, кои не згрешија со сличен престап како Адам, кој е слика на Оној кој доаѓа. 15 Но дарот на благодатта не е како престапувањето; зашто ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина; многу поизобилно се излеа на мнозина Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос. 16 И дарот не бидува како што се случи кога згреши еден. Имено, судот произлезе од еден кој погреши и така доведе до осуда, а благодатниот дар доведе од многу престапи, до оправдување. 17 Зашто, ако смртта зацари, заради престапувањето на еден; тоа многу повеќе оние - кои примаат изобилство на благодатта и дар на правдата - ќе царуваат во животот преку Едниот - Исус Христос. 18 И така, како што преку еден престап дојде осудување на сите луѓе, така и преку едно праведно дело дојде за сите луѓе оправданието, што донесува живот; 19 зашто, како што со непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и со послушноста на Еден мнозина ќе станат праведни. 20 А покрај тоа, Законот дојде за да се зголеми престапувањето; но каде што гревот се зголеми, таму благодатта се излеа преизобилно: 21 и како што гревот царуваше во смртта, така и благодатта да царува преку правдата за вечен живот преку нашиот Господ Исус Христос!
1 И така, што ќе речеме? Да останеме ли и натаму во гревот, за да се умножи благодатта? 2 Далеку од тоа! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него? 3 Или зар не знаете дека сите ние, кои сме крстени во Исуса Христа, крстени сме во Неговата смрт? 4 И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, - та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, - така и ние да одиме во нов живот. 5 Зашто ако сме соединети со Него во смртта слична на Неговата, ќе бидеме и во воскресението слично на Неговото. 6 Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со Него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот, 7 зашто тој кој умрел, е оправдан од гревот. 8 А ако умревме со Христа, веруваме дека и ќе живееме со Него, 9 зашто знаеме дека Христос, Кој воскресна од мртвите, веќе не умира: смртта нема веќе власт над Него. 10 Зашто, ако умрел - умрел за гревот еднаш засекогаш, а што живее - живее за Бога. 11 Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исуса Христа нашиот Господ! 12 И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби! 13 И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата! 14 Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта. 15 Па што? Да грешиме ли, зашто не сме под Законот, а под благодатта? Да не биде! 16 Не знаете ли: ако некому му се предадете за робови во послушност - робови сте му на оној, кому му се покорувате: или на гревот - за смрт; или на послушноста - за праведност? 17 Но благодарејќи Му на Бога, зашто вие, откако му бевте робови на гревот, му станавте послушни од сè срце на примерот на науката, на која и бевте предадени 18 па така, ослободени од гревот, станавте слуги на правдата. 19 Зборувам по човечки заради слабоста на вашето тело: како што некогаш ги предадовте вашите членови да им служат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконство; така сега предадете ги вашите членови да и служат на правдата, за осветување! 20 Зашто, кога бевте робови на гревот, бевте слободни од правдата. 21 А каков плод имавте тогаш, од оние работи, заради кои се срамите денес, зашто нивниот крај е смртта?! 22 Но сега, откако сте ослободени од гревот и откако се поставивте во служба на Бога - го имате вашиот плод - осветувањето; а вечниот живот - за крај, 23 зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е - вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ.
1 Или не знаете ли, браќа - им зборувам на оние, кои го познаваат Законот, дека законот има власт над човекот додека е жив? 2 Така, омажената жена преку закон е врзана за мажот, додека е тој жив; но ако мажот умре, слободна е од законот, што ја сврзал со мажот. 3 Според тоа, ако му стане жена на друг, додека нејзиниот маж живее, ќе биде прељубница; но ако мажот и умре, слободна е од законот, и не е прељубница, ако се омажи за друг. 4 Така и вие, браќа мои, умревте за законот преку Христовото тело, за да Му припаднете на Другиот, Кој воскресна од мртвите, за да Му донесеме плод на Бога. 5 Зашто, додека бевме во телото, во нашите членови дејствуваа грешни страсти, кои Законот ги побудуваше, така што ги донесувавме плодовите на смртта. 6 А сега, се ослободивме од Законот, откако умревме за оној, кој нè потчинуваше, за да служиме во нов дух, а не во старата буква. 7 И така, што да речеме? Дали е Законот грев? Далеку од тоа! Сепак, јас го запознав гревот само преку Законот, зашто не би ја запознал страсната желба, ако Законот не рече: „Не ќе пожелуваш!” 8 А гревот најде повод во заповедта и предизвика во мене секаква желба, зашто без Закон - гревот е мртов. 9 И јас живеев некогаш без Законот; но кога дојде заповедта гревот оживе, а јас умрев; 10 и се покажа дека заповедта, што беше дадена за живот, ме водеше во смрт; 11 имено, гревот, откако доби повод во заповедта, ме заведе и ме уби преку неа. 12 Затоа Законот е свет; а и заповедта е света, и праведна, и добра. 13 Дали тоа значи дека доброто стана смрт за мене? Да не биде! Туку гревот, за да се покаже како грев, се послужи со доброто и ми предизвика смрт, за да стане гревот - со посредство на заповедта - прекумерно грешен. 14 Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас сум телесен, продаден, под грев. 15 Така, не знам што правам; зашто не го правам она, што го сакам, туку го правам она, што го мразам. 16 Ако пак го правам, она што не го сакам, се согласувам со Законот дека тој е добар. 17 Зашто тоа веќе не го правам јас, туку гревот, кој живее во мене. 18 Имено, јас знам дека никакво добро не живее во мене, односно во моето тело; зашто, желба за добро има во мене, но не и сила за да го правам тоа, 19 зашто не го правам доброто, што го сакам, туку го правам злото, што не го сакам. 20 А ако го правам она што не го сакам, не го правам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене. 21 И така, го наоѓам овој закон: дека кога сакам да правам добро, злото е близу. 22 Вистина, со мојот внатрешен човек наоѓам наслада во Божјиот Закон, 23 но, гледам друг закон во моите членови, кој војува против законот на мојот ум, и ме заробува под законот на гревот, што е во моите членови. 24 Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртоносно тело! 25 Му благодарам на Бога преку Исуса Христа, нашиот Господ! 26 И така, јас самиот со умот му служам на Божјиот Закон, а со телото на законот на гревот.
1 И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот. 2 Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ме ослободи од законот на гревот и смртта. 3 Зашто тоа, што му беше невозможно на Законот, зашто беше слаб заради телото, Бог го изврши: испраќајќи Го - заради гревот - Својот Син во обличје слично на грешното тело и, поради грев, го осуди гревот во телото, 4 па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, - кои не одиме по телото, туку по Духот. 5 Зашто, кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот. 6 Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир; 7 зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може. 8 Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога. 9 Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. 10 А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради правдата. 11 Ако навистина во вас живее Духот на Оној, Кој Го воскресна Исуса од мртвите; Оној Кој Го воскресна Христа, ќе ги оживи и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. 12 Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото. 13 Зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате телесните дејства - ќе живеете. 14 Сите оние, кои ги води Божјиот Дух - тие се Божји синови. 15 Имено, не го примивте духот на ропството, за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, со кој викаме: „Ава - Татко!” 16 Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда. 17 Ако сме чеда, тогаш сме и наследници: Божји наследници, а Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да се прославиме. 18 Зашто сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата, која ќе ни се открие нам. 19 Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови - 20 имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини - во надеж 21 дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца. 22 Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега. 23 И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело. 24 Зашто, во оваа надеж ние се спасивме. А надежта која се гледа не е надеж; зашто, кога некој нешто гледа, зошто да му се надева? 25 Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со трпение. 26 Исто така и Духот и помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки. 27 А Оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите. 28 Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера; 29 зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде Првороденец меѓу многуте браќа. 30 А оние кои ги предопредели, тие и ги повика; кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави. 31 И така, што да речеме на ова? Ако е Бог за нас, кој ќе биде против нас? 32 Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сè друго со Него? 33 Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог ли, Кој ги оправдува? 34 Кој е оној кој ќе ги осуди? Христос Исус ли, Кој умре - но уште и воскресна - Кој е од десната страна на Бога и Кој се застапува за нас? 35 Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотата, или гибелта или мечот? 36 Како што е напишано: „Заради Тебе нè убиваат постојано, нè сметаат како овци за клање.” 37 Но во сè ова победуваме надмоќно преку Оној, Кој нè возљуби. 38 Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, 39 ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нè оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ.
1 Зборувам вистина во Христа - не лажам - мојата совест ми сведочи за тоа во Светиот Дух, 2 дека ми е многу жал и дека срцето ме боли непрестано. 3 Имено, би сакал да бидам самиот - како проколнат - одвоен од Христа, за моите браќа, за моите роднини по тело, 4 кои се Израелци; на кои им припаѓаат: посинувањето и славата, заветите и законодавството, богослужението и ветувањата; 5 чии се и татковците, од кои потекнува и Христос по тело, Кој е Бог над сите, благословен во сите векови! Амин! 6 Но не треба да се мисли дека пропадна Божјото слово; зашто не сите, кои водат потекло од Израел, се вистински Израелци, 7 ниту сите се Авраамови деца, затоа што се негово потомство; но „во Исака ќе се нарече Твоето семе,” 8 тоа значи: дека сите деца по тело не се Божји деца, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство. 9 А словото на ветувањето е ова: „Ќе дојдам во ова време, и Сара ќе има син.” 10 Но не само таа, туку и Ревека, која зачна од еден, од нашиот татко Исак. 11 Зашто уште додека не беа ни родени близнаците, ниту направиле нешто добро или зло; за да остане онака како што Бог определил по свој избор, да не зависи од делата, туку од Оној Кој повикува; 12 нејзе и беше речено: „Поголемиот ќе му служи на помалиот,” 13 како што е напишано: „Јакова го возљубив, а Исава го замразив.” 14 И така, што ќе речеме? Има ли неправда во Бога? Да не биде! 15 Зашто му вели на Мојсеја: „Ќе го помилувам, кого го милувам и ќе го сожалам, кого го сожалувам.” 16 Според тоа, не зависи од оној, кој сака; ниту од оној, кој трча, туку од милостивиот Бог. 17 Зашто Писмото му вели на фараонот: „Имено, затоа те издигнав, за да ја покажам Мојата сила во тебе и за да се разгласи Моето име по целата земја.” 18 Па така: му искажува милост кому сака, а кого сака го прави корав. 19 Сега, ти ќе ми речеш: „Тогаш, зошто укорува? Зашто, кој може да му се воспротиви на Неговиот совет?” 20 Та кој си ти, о човеку, да одговараш против Бога? Зар ракотворбата ќе му рече на својот творец: „Зошто си ме направил така?” 21 Или зар грнчарот нема власт над глината: од истата смеса да направи еден сад за чесна, а друг за нечесна употреба? 22 А што ако Бог - сакајќи да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата сила - со големо долготрпение, ги трпел садовите на гневот, приготвени за погибел, 23 за да го пројави истовремено богатството на Својата слава над садовите на милоста, што ги приготвил отпорано за слава; 24 како такви, нè повика и нас, не само од Јудејците, туку и од народите, 25 како што вели и кај Осија: „Народ, кој не е Мој народ, ќе го наречам Мој; и онаа, која не е возљубена, ќе ја наречам возљубена,” 26 и така ќе се случи дека на местото, каде им беше речено: „Вие не сте Мој народ,” таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.” 27 А Исаија вика за Израел: „Иако бројот на Израелевите синови е колку морскиот песок, ќе се спаси само Остатокот, 28 зашто Господ ќе го спроведе Својот збор на земјата и ќе го заврши брзо.” 29 И како што прорече Исаија: „Ако Господ над Воинствата не ни остави потомство, ќе бевме како Содом и ќе станевме слични на Гомор.” 30 И така, што ќе кажеме? Народите - кои не се стремеа кон праведноста, ја примија праведноста, и тоа праведноста која е преку верата; 31 а Израел - стремејќи се кон законот на праведноста, не стигна до Законот. 32 Зошто? Зашто не настојуваше да го постигне со верата, туку со делата на Законот; се сопна од каменот на сопнување, 33 како што е напишано: „Еве, на Сион поставувам камен за сопнување и стена на соблазан; и кој верува во Него, нема да се посрами.”
1 Браќа, желбата на моето срце и мојата молитва кон Бога за нив е: да се спасат. 2 Зашто, сведочам за нив, дека имаат ревност за Бога, но без правилно знаење. 3 Имено, не знаејќи, што е Божјата правда и сакајќи да ја воспостават својата сопствена, не и се покорија на Божјата правда. 4 Зашто Христос е свршетокот на Законот, за правда на секој, кој верува. 5 Зашто, Мојсеј пишува за праведноста, која е од Законот: „Човекот, кој ја исполнува, ќе живее од неа.” 6 А праведноста, која е од верата, зборува вака: „Да не речеш во своето срце: „Кој ќе се искачи на небото?” односно, да Го симне Христа; 7 или: „Кој ќе слезе во бездната?” односно, да Го изведе Христа од мртвите! 8 Но што зборува таа: „Словото е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце,” односно, словото на верата, која ја проповедаме. 9 Зашто, ако со твојата уста исповедаш, дека Исус е Господ и ако во твоето срце поверуваш, дека Бог Го воскреснал од мртвите, ќе бидеш спасен. 10 Зашто со срцето се верува за праведност, а со устата се исповедува за спасение, 11 зашто Писмото вели: „Секој, кој верува во Него, нема да се засрами.” 12 Но нема разлика меѓу Јудеец и Грк; зашто еден и ист е Господ на сите; богат за сите, кои Го повикуваат, 13 зашто: „Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.” 14 Но, како ќе Го повикаат Оној, во Кого не поверувале? А како ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? 15 И како ќе проповедаат, ако не се испратени, како што е напишано: „Колку се прекрасни нозете на оние, што проповедаат мир, кои го навестуваат доброто!” 16 Но сите не го послушаа Евангелието, зашто Исаија вели: „Господи, кој и поверувал на нашата проповед?” 17 И така, верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово. 18 Но велам: „Зар тие не слушнаа?” Напротив: „Гласот им излезе по целата земја, и нивните зборови до крајот на светот.” 19 Пак прашувам: „Зар Израел не разбра? Мојсеј прв рече: „Јас ќе предизвикам ревност во вас - преку оние, што не се народ и ќе разбудам во вас гнев, против еден неразумен народ.” 20 А Исаија пак се осмелува да рече: „Ме најдоа оние, кои не Ме бараа, и им се јавив на оние, кои не прашуваа за Мене.” 21 А за Израел говори: „Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непослушен и противречлив.”
1 И така, прашувам: „Дали Бог го отфрли Својот народ? Далеку од тоа! Зашто и јас сум Израелец, од Авраамовото потомство, од Венијаминовото племе. 2 Бог не го отфрли Својот народ, кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото, за Илија, како вика кон Бога против Израел, велејќи: 3 ”Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници; а јас останав сам, па и мојот живот го бараат.” 4 А што му вели Божјиот одговор: „Си оставив за себе седум илјади луѓе, кои не ги преклонија колената пред Ваала.” 5 Така е и во сегашното време, остана еден Остаток избран по благодатта. 6 Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела; зашто инаку благодатта не би била веќе благодат. 7 Тогаш што? Израел не го доби она, што го бараше, а избраните го добија; а другите беа закоравени, 8 како што е напишано: „Бог им даде дух на мртвило, очи да не гледаат и уши да не слушаат до денешниот ден.” 9 И Давид зборува: „Нивната трпеза да им биде стапица, и мрежа и соблазан и одмазда! 10 Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!” 11 И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност. 12 Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота! 13 Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба, 14 та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив. 15 Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите? 16 Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се. 17 Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката, 18 не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе! 19 Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!” 20 Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата. 21 Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе. 22 И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен. 23 А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми. 24 Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои и се природни. 25 Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број. 26 И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова. 27 И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.” 28 Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците. 29 Зашто Божјите дарови и Неговиот позив не го познаваат каењето. 30 Како што и вие му бевте некогаш непокорни на Бога, а сега добивте милост поради нивното непокорство, 31 така и тие станаа сега непокорни, заради вашето помилување, за да бидат и тие помилувани. 32 Зашто Бог ги затвори сите во непокорство, за да покаже милост кон сите. 33 О длабочино на богатството, премудроста и Божјото знаење! Колку се недостижни Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта! 34 Зашто кој ја запознал Господовата мисла? Или кој Му бил советник? 35 Или кој Му дал нешто однапред, за да му биде вратено?” 36 Зашто сè е од Него, преку Него и за Него. Нему слава во векови. Амин!
1 Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба. 2 Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја! 3 Зашто, преку благодатта што ми е дадена, му велам на секој еден помеѓу вас: да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли - туку мислите нека ви бидат насочени кон разумно размислување, според мерата на верата, која Бог му ја доделил секому. 4 Зашто, како што во едно тело имаме многу членови, а сите членови немаат иста служба, 5 така и ние, мнозината, сме едно тело во Христа, а како поединци - членови сме еден на друг. 6 И имаме разни дарби, според дадената ни благодат: ако е пророштво, нека е согласно со верата! 7 Ако е служење нека служи! Ако е некој учител - нека поучува! 8 Кој има дар за утеха - нека утешува! Кој раздава, нека дава богато! Кој управува, нека биде ревносен! Кој покажува милост, нека го прави тоа весело! 9 Љубовта нека ви биде нелицемерна! Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто! 10 Љубете се еден друг срдечно со братска љубов! Натпреварувајте се во почитување еден кон друг! 11 Бидете неуморни во ревноста! Бидете пламени во духот! Служете Му на Господа. 12 Радувајте се во надежта, бидете трпеливи во неволја; постојани во молитва! 13 Помагајте им на светите во нивните потреби! Ревнувајте во гостољубие! 14 Благословувајте ги оние, кои ве гонат: благословувајте ги, а не проколнувајте ги! 15 Радувајте се со оние, кои се радуваат и плачете со оние, кои плачат! 16 Бидете едномислени едни кон други! Не стремете се кон високи нешта, туку држете се за скромните! Не сметајте се сами себеси мудри! 17 Никому не враќајте зло за зло! А размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе! 18 Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе! 19 Не одмаздувајте се за себе, возљубени; туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе ја отплатам! - говори Господ.” 20 Туку, ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден - напој го! Зашто, ако го правиш тоа, ќе натрупаш жар на неговата глава.” 21 Не оставај да те победи злото; туку победи го злото со добро!
1 Секоја душа да им се покорува на претпоставените власти, зашто нема власт, а да не е од Бога; и колку и да се властите, од Бога се поставени. 2 Затоа оној, кој и се противи на власта, и се противи на Божјата наредба; а кои и се противат, ќе ја примат својата осуда. 3 Зашто владетелите не се страв за добро дело, туку за зло. Сакаш ли пак да не се боиш од власта, прави добро, па ќе бидеш пофален од неа. 4 Таа Му служи на Бога за твое добро. Но, ако правиш зло, бој се; зашто не носи напразно меч. Таа е во служба на Бога, гневен одмаздник за оној, кој прави зло. 5 Затоа треба да и се покорувате, не само поради гневот, туку и заради совеста. 6 Затоа плаќате и даноци, зашто се Божји службеници, кои се занимаваат со тоа. 7 Дајте му секому она што сте му должни: кому данок - данок; кому царина - царина; кому страв - страв; кому чест - чест! 8 Не должете му никому ништо, освен да се љубите еден друг, зашто кој го љуби другиот, го исполнува Законот. 9 Зашто заповедите: „Не прави прељуба! Не убивај! Не кради! Не посакувај!” - и ако има уште некоја друга заповед - содржани се во овие зборови: „Љуби го својот ближен како себеси!” 10 Љубовта не му прави зло на ближниот. И така: љубовта е исполнување на Законот. 11 И правете го тоа затоа што го знаете времето во кое сме, зашто е веќе време да се разбудите од сонот; зашто сега спасението ни е поблизу, отколку кога поверувавме. 12 Ноќта помина, а денот наближи. Затоа да ги офрлиме делата на темнината, а да се облечеме во оружјето на светлината! 13 Да одиме пристојно како дење, не во гозби и пијанки, не во блуд и страстољубие, не во препирки и зависти, 14 туку облечете се во нашиот Господ Исус Христос, и не мислете како да ги задоволите похотите на телото.
1 Примајте го слабиот во верата, не со препирки за мислењата! 2 Еден верува дека смее да јаде сè; а кој е слаб, јаде само зеленчук. 3 Кој јаде, нека не го презира оној, што не јаде; а оној, кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, зашто Бог го примил. 4 Кој си ти, за да му судиш на туѓ слуга? Тој стои или паѓа пред својот господар; а ќе стои, зашто Господ е силен да го постави да стои. 5 Еден разликува ден од ден, а друг ги смета сите денови еднакви. Само секој да биде наполно уверен во своето мнение! 6 Кој го пази денот, го пази за Господа; кој јаде, јаде за Господа, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господа не јаде, и тој Му благодари на Бога. 7 Никој од нас не живее за себеси и никој не умира за себеси, 8 зашто ако живееме, живееме за Господа; ако умираме - умираме за Господа. Затоа: живееме ли, умираме ли, Господови сме, 9 зашто Христос затоа умре и оживе, - за да господари и над мртвите и над живите. 10 А ти, зошто го осудуваш својот брат? Или ти, зошто го презираш својот брат? Зашто, сите ќе застанеме пред Христовиот судски престол, 11 зашто е напишано: „Јас Сум жив - вели Господ - Мене ќе Ми се поклони секое колено; и секој јазик ќе Го исповеда Бога.” 12 И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе. 13 Затоа, да не се осудуваме веќе еден друг, туку подобро да мислиме за тоа: никој да не поставува пред братот сопки или соблазни! 14 Знам, и уверен сум во Господа Исуса, дека ништо не е нечисто само по себе, туку само за оној, кој смета дека нешто е нечисто - нему му е нечисто. 15 Зашто, ако се жалости твојот брат заради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со твоето јадење оној, за кого Христос умрел. 16 И така, не дозволувајте да се хули на вашето добро! 17 Зашто Божјото Царство не се состои во јадење и пиење, туку во правда, и мир и радост во Светиот Дух. 18 Имено, кој со ова Му служи на Христа, угоден Му е на Бога и мил им е на луѓето. 19 И така, да го бараме она, што е за мир и за заемна надградба! 20 Не разурнувај го Божјото дело - заради јадење! Сè е чисто; но е зло за човекот, кој јаде на соблазан. 21 Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ни да се прави нешто, поради што твојот брат се сопнува или соблазнува, или слабее. 22 Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога! Блажен е оној, кој не се осудува себеси за она, што го смета за добро. 23 А кој се сомнева кога јаде, се осудува, зашто не е од вера; а сè што не е од вера, грев е.
1 Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а да не си угодуваме сами на себеси. 2 Секој од нас нека му угодува на ближниот, во негова полза, за добро, 3 зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: „Хулите на оние, кои Те хулеа, паднаа на Мене.” 4 Навистина, сè што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата. 5 И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа, 6 за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. 7 Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за Божјата слава! 8 Зашто велам, дека Христос им послужи на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците; 9 а пак народите Го прославуваат Бога поради Неговото милосрдие, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име.” 10 И пак рече:” Веселете се, народи, со Неговиот народ!” 11 И пак: „Фалете Го Господа сите народи и да Го слават сите племиња!” 12 И пак Исаија вели: „Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите; на Него ќе се надеваат народите!” 13 А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта. 14 И јас самиот, браќа мои, сум уверен за вас, дека сте и самите полни со доброта, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг. 15 Но, делумно ви пишав малку послободно, за да ве потсетам на благодатта, која ми ја даде Бог, 16 за да Му бидам служител на Исуса Христа меѓу народите, кој врши света служба на Божјото Евангелие, и да биде мојот принос од народите пријатен, и осветен преку Светиот Дух. 17 И така, можам да се фалам во Христа Исуса за тоа, за Бога, 18 зашто не се осмелувам да кажам нешто што Христос не го извршил преку мене, за да ги доведам народите до послушност, со слово и дело, 19 во силата на знаци и чудеса, во силата на Божјиот Дух. Така што од Ерусалим и наоколу, сè до Илирик, наполно го проповедав Евангелието за Христа. 20 Но, при тоа сметав за чест да не го проповедам Евангелието таму, каде што Христовото име веќе беше познато, за да не ѕидам врз туѓи основи, 21 туку како што е напишано: „Ќе Го видат оние, на кои ништо не им беше навестено за Него, и ќе разберат оние, кои не чуле.” 22 Тоа ме спречи многупати да дојдам при вас. 23 Но сега, зашто веќе немам поле за работа во овие краишта и зашто копнеам веќе многу години да дојдам при вас, 24 кога ќе тргнам за Шпанија; имено, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека вие ќе ме испратите натаму, откако најнапред ќе се наситам донекаде со вас. 25 А сега одам за Ерусалим, за да им послужам на светите, 26 зашто Македонија и Ахаја одлучија да соберат некаква заедничка помош за бедните меѓу светите во Ерусалим. 27 Навистина, го одлучија тоа, а и должни им се, зашто, ако народите станаа соучесници на нивните духовни блага, должни се да им послужат во телесните потреби. 28 Кога ќе го свршам ова и кога ќе им го доставам овој плод, ќе тргнам за Шпанија преку вас. 29 И знам, кога ќе дојдам при вас, дека ќе дојдам со полн Христов благослов. 30 Покрај тоа, ве молам, браќа, преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на Духот, да се борите со мене, молејќи Му се на Бога за мене, 31 за да се избавам од непокорните во Јудеја и за да им биде благопријатна мојата служба на светите во Ерусалим, 32 та да можам, по Божја волја, радосно да дојдам при вас и да се освежам заедно со вас. 33 А Бог на мирот да биде со сите вас, Амин!
1 Ви ја препорачувам нашата сестра Фива, која е на служба во црквата во Кенхреа: 2 да ја примите во Господа, како што им прилега на светите, и помогнете и во сè, во што ќе има потреба од вас; зашто и таа им помагаше на мнозина и на мене самиот. 3 Поздравете ги моите соработници во Христа Исуса: Прискила и Акила, 4 кои ги подметнаа своите вратови за мојот живот и на кои не им благодарам само јас, туку и сите цркви од народите, 5 и црквата во нивниот дом! Поздравете го мојот возљубен Епенет, кој е првиот плод за Христа од Азија! 6 Поздравете ја Марија, која се трудеше многу за вас! 7 Поздравете ги Андроника и Јунија, моите роднини и другари во заточеништвото; кои се угледни меѓу апостолите и кои поверуваа во Христа пред мене. 8 Поздравете го мојот возљубен во Господа Амплија! 9 Поздравете ги: нашиот сотрудник во Христа - Урбан и мојот возљубен Стахиј! 10 Поздравете го Апелиј, испитаниот во Христа! Поздравете ги оние од кружокот на Аристовулови! 11 Поздравете го мојот роднина Иродион! Поздравете ги оние и од Наркисовиот кружок, кои се во Господа! 12 Поздравете ги Трифена и Трифоса, жените, кои се трудат во Господа! Поздравете ја возљубената Персида, која се трудеше многу во Господа! 13 Поздравете го Руф, избраниот во Господа, и неговата мајка и моја! 14 Поздравете ги Асинкринта, Флегонта, Ерма, Патрова, Ермија и браќата, кои се со нив! 15 Поздравете ги Филолога и Јулија, Ниреја и неговата сестра, потоа Олимпана и сите свети, кои се со нив! 16 Поздравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравуваат сите Христови цркви. 17 Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои прават раздори и соблазни против науката, која вие ја научивте, и отстранувајте се од нив! 18 Зашто, таквите не Му служат на нашиот Господ Христос, туку на својот желудник, и со благи и ласкави зборови ги заведуваат срцата на простодушните. 19 Вашата послушност им е позната на сите. Затоа се радувам со вас, но сакам да бидете мудри за доброто, а прости за злото! 20 А Бог на мирот ќе го сотре наскоро сатаната под вашите нозе. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас. Амин! 21 Ве поздравуваат: мојот соработник Тимотеј и моите роднини: Луциј, Јасон и Сосипатар. 22 Ве поздравувам во Господа јас, Тертиј, кој го напиша ова писмо. 23 Ве поздравува Гај, домаќинот мој и на целата црква. Ве поздравуваат градскиот благајник Ераст и братот Кварт. 24 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас! 25 А на Оној, кој може да ве утврди преку моето Евангелие и проповедта за Исуса Христа, преку откровението на тајната, за која се молчеше од вечни времиња; 26 а сега се јавила и по заповедта на вечниот Бог, а преку пророчките списи, соопштена на сите народи, приведувајќи ги кон послушност на верата, 27 - на единствениот премудар Бог да биде слава - преку Исуса Христа - во сите векови. Амин!
1 Павле, преку Божјата волја повикан апостол на Исуса Христа, и братот Состен, 2 до Божјата црква која е во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите свети, со сите кои го призовуваат на секое место името на нашиот Господ Исус Христос, Кој е нивни и наш; 3 благодат ви вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа. 4 Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христа Исуса, 5 и зашто во Него се обогативте во сè, во секое слово и во секое знаење, 6 како што Христовото сведоштво се зацврстило меѓу вас, 7 така да не сте во недостаток од ниеден дар, чекајќи го откровението на нашиот Господ Исус Христос; 8 Кој ќе ве утврдува и до крај, за да бидете беспрекорни во Денот на нашиот Господ Исус Христос. 9 Верен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ. 10 Браќа, ве прекорувам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите да зборувате исто и да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла. 11 Имено, ми јавија, браќа мои, Хлоините домашни дека меѓу вас има препирки. 12 Со ова сакам да кажам, дека секој од вас зборува: ‘Јас сум Павлов’, ‘Јас сум Аполосов’, ‘Јас пак Кифин’, а ‘Јас Христов’, 13 Дали Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Или сте крстени во Павлово име? 14 Му благодарам на Бога, што никого од вас не крстив, освен Криспа и Гаја, 15 за да не рече некој, дека сте крстени во мое име. 16 Го крстив уште Стефановиот дом; натаму не знам дали сум крстил некој друг. 17 Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и не со говорничка мудрост - за да не го изгуби Христовиот крст своето значење. 18 Зашто, словото за крстот е безумство за оние, кои пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, Божја сила, 19 зашто е напишано: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на умните.” 20 Каде е мудриот? Каде е книжевникот? Каде е истражувачот на овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на светов во безумие. 21 Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Божјата мудрост, Бог благоволи да ги спаси оние, кои веруваат, преку безумството на проповедувањето. 22 И додека Јудејците сакаат знаци, а Грците бараат мудрост, 23 ние Го проповедаме распнатиот Христос, соблазан за Јудејците, безумство за Грците, 24 а за самите повикани - и Јудејци и Грци, Христос, Божја сила и Божја мудрост, 25 зашто безумното од Бога, помудро е од луѓето; и слабото од Бога, посилно е од луѓето. 26 Гледајте го, браќа, само своето повикување! Нема тука многу мудри по човечко сфаќање, нема многу силни, ниту многу од благороден род. 27 Туку, Бог го избра она што е безумно пред светот, за да ги посрами мудрите; што е слабо пред светот, Бог го избра, за да ги посрами силните; 28 и што е неблагородно и што е презрено во светот - и она што се смета за ништо - Бог го избра, за да го уништи она што е нешто, 29 за да не може ниедно тело да се пофали пред Бога. 30 Од Него сте и вие во Христа Исуса, Кој ни стана мудрост од Бога, праведност, и осветување, и искупување, 31 за да биде како што е напишано: „Кој се фали, во Господа да се фали!”
1 И јас, кога дојдов при вас, браќа, не дојдов со висок говор или со мудрост, за да ви го проповедам Божјото сведоштво; 2 зашто решив да не знам меѓу вас ништо друго, освен Исуса Христа, и тоа Распнатиот. 3 И јас бев со вас во слабост, и во страв, и во многу трепет, 4 и моето слово и мојата проповед не се состоеја во убедливи зборови на мудроста, туку во докажување на Духот и силата, 5 та вашата вера да не биде основана на човечката мудрост, туку на Божјата сила. 6 Па сепак, ја говориме мудроста меѓу совршените; но не мудроста на овој свет ни на владетелите на овој свет, кои пропаѓаат, 7 туку ја навестуваме Божјата премудрост, во тајна, сокриена, која Бог, пред сите векови ја предопределил за наша слава; 8 која не ја запознал ниеден од владетелите на светов, зашто ако ја беа познале, немаше да Го распнат Господа на славата, - 9 туку, како што е напишано: „Што окото не виде, што увото не чу, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние, кои Го љубат.” 10 А Бог ни го откри тоа нам преку Духот, зашто Духот испитува сè, па дури и Божјите длабочини. 11 Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух, кој е во него? Така никој не знае што има во Бога, освен Божјиот Дух. 12 А ние не го примивме духот на светов, туку Духот, Кој доаѓа од Бога, за да знаеме што Бог милостиво ни дарува. 13 Па и тоа не го зборуваме со зборови научени од човечката мудрост, туку со зборови научени од Духот Свети, споредувајќи ги духовните работи со духовното. 14 А душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да сознае, зашто за тоа треба да расудува на духовен начин. 15 Духовниот човек пак испитува сè, а него никој не го испитува, 16 зашто: „Кој го познава Господовиот ум, за да го поучи?” А ние го имаме Христовиот ум.
1 И јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, но како на телесни, како на младенци во Христа. 2 Со млеко ве напоив, не со тврда храна, зашто уште не можевте да ја поднесувате. А ни сега не можете, 3 зашто сте уште телесни. Не сте ли телесни и не живеете ли како обичните луѓе, штом меѓу вас има завист, спорови и поделба? 4 Не сте ли телесни, имено, кога еден зборува: „Јас сум Павлов”, а друг: „Јас сум Аполосов?” 5 Па што е Павле? Што е Аполос? Слуги преку кои вие поверувавте и тоа според она, колку кому Господ му дал. 6 Јас посадив, Аполос навади, но Бог прави да расте. 7 Затоа: ниту оној кој сади, е нешто; ниту оној кој навадува, туку Бог, Кој прави да расте. 8 А оној, кој сади и оној, кој вади - едно се, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд. 9 Ние сме соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда. 10 Според Божјата благодат, која ми е дадена, јас, како мудар градител, ја поставив основата, а друг гради. Но секој да внимава како надградува. 11 Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос. 12 И ако некој врз оваа основа ѕида злато, сребро, скапоцени камења, дрво, сено, слама, 13 сечие дело ќе излезе на видело; Денот ќе го покаже, зашто ќе се открие во оган; а огнот ќе покаже какво е чие дело. 14 Оној, кому ќе му остане тоа што го градел, ќе прими награда; 15 а оној чие дело ќе изгори, тој ќе претрпи загуба, но самиот ќе се спаси, но така, како низ оган. 16 Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас? 17 Ако некој го разруши Божјиот храм, Бог ќе го разруши него, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. 18 Никој нека не се измамува; ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар, 19 зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бога! Имено, напишано е: „Тој ги фаќа мудрите во нивното лукавство.” 20 И пак: „Господ знае дека мислите на мудрите се суетни.” 21 Затоа никој да не се фали со луѓето! Зашто сè е ваше: 22 било Павле, или Аполос, или Кифа, или светот, или животот, или смртта, или сегашноста, или иднината, сè е ваше, 23 а вие сте Христови, Христос е Божји.
1 И така, секој човек нека нè смета за Христови служители и за управители на Божјите тајни! 2 А од управителите натаму се бара секој да се покаже верен. 3 За мене сосем малку ми значи, што ме осудувате вие, или друг човечки суд; а ни самиот јас не се судам себеси. 4 Зашто не знам дека сум виновен во нешто, но со тоа не сум оправдан. Туку, Господ е Тој, Кој ќе ме суди. 5 Затоа не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, Кој ќе го извади на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата; и тогаш секој ќе ја прими пофалбата од Бога. 6 А врз себе и врз Аполоса покажав пример, браќа, заради вас, за да научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се вообразувате еден над друг. 7 Зашто, кој те прави да се разликуваш од другиот ? И што имаш, што не си примил? И така, ако си примил, зошто се фалиш како да не си примил? 8 Веќе сте заситени! Веќе се збогативте! Без нас се зацаривте. И камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас! 9 Зашто ми се чини, Бог нè постави нас апостолите најпоследни, како осудени на смрт; зашто им станавме призор на светот, и на ангелите и на луѓето. 10 Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа! Ние сме слаби, а вие, јаки; вие сте славни, а ние без чест. 11 До овој час гладуваме и жеднееме, и необлечени сме, и нè бијат, и скитаме, 12 и се трудиме работејќи со своите раце. Кога нè навредуваат, ние благословуваме; кога нè гонат, ние поднесуваме; 13 кога нè клеветат ние се обраќаме благо. Станавме како нечистотија на светот, како смет исфрлен од сите, сè досега. 14 Не го пишувам ова за да ве засрамам, туку за да ве предупредам како свои возљубени чеда, 15 зашто, ако имавте и десет илјади воспитувачи во Христа; сепак немате многу татковци, зашто јас ве родив во Христа Исуса преку Евангелието. 16 Затоа, ве молам подражавајте ме мене. 17 Затоа и го испратив при вас Тимотеја, моето возљубено и верно чедо во Господа. Тој ќе ви ги напомни моите патишта во Христа, како што ги учам насекаде, и во секоја црква. 18 Некои се вообразија, како јас да нема да дојдам при вас. 19 Но наскоро, ќе дојдам при вас, ако биде Господова волја, и тогаш не ќе сакам да знам за зборовите на оние вообразените, туку за нивната сила, 20 зашто Божјото Царство не е во зборови, туку во сила. 21 Што сакате: да дојдам при вас со прачка, или со љубов и со кроток дух?
1 Општо се зборува дека меѓу вас има блудство, и тоа такво какво нема ни меѓу народите: дека некој ја има татковата жена. 2 А вие уште се вообразивте, место да тагувате! - да се отстрани од вашата средина, оној, кој го направил тоа дело! 3 Зашто, иако со телото не сум при вас, но присутен сум со духот, јас веќе го осудив, како да сум присутен, оној, кој го направил тоа: 4 кога, во името на нашиот Господ Исус, ќе се соберете вие и мојот дух, со силата на нашиот Господ Исус, 5 да го предадете таквиот на сатаната, за пропаст на неговото тело, за да се спаси неговиот дух во Денот на нашиот Господ Исус. 6 Вашето фалење не е добро. Не знаете ли дека малку квас, го потквасува целото тесто? 7 Очистете се од стариот квас, за да бидете ново тесто, како што сте бесквасни. Зашто и Христос, нашето пасхално јагне, беше жртвувано за нас. 8 Затоа треба да празнуваме не со стариот квас, ниту со квасот на злобата и лукавството, туку со бесквасниот леб на искреност и вистина. 9 Ви пишував во писмото, да не се мешате со блудници, 10 не воопшто со блудниците на овој свет, или со лакомците, или со разбојниците, или со идолопоклонците, зашто тогаш би требало да излезете од светот. 11 Но сега ви напишав да не се дружите со оној, кој се наречува брат, а блудник е или лакомец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница или разбојник. Со таков и да не јадете! 12 Зашто, не ми се паѓа мене да ги судам оние, кои се надвор? Зар вие не им судите на оние, кои се внатре? 13 А Бог ќе им суди на оние кои се надвор. „Отстранете го злиот од својата средина!”
1 Смее ли некој од вас, ако има спор против друг, да се суди пред неправедните, а не пред светите? 2 Или не знаете ли дека светите ќе му судат на светот? И ако вие ќе му судите на светот, не сте ли достојни да судите во сосем мали спорови? 3 Не знаете ли дека ќе им судиме на ангелите! А колку повеќе тогаш, работите во животот! 4 И така, ако имате обични спорови, дали ги поставувате за судии оние, кои се малку ценети во црквата! 5 Зборувам за ваш срам. Вистина ли е дека меѓу вас нема ниеден мудар, кој би можел да пресуди меѓу своите браќа? 6 Туку брат се суди со брат, и тоа пред неверници! 7 Без сомнение, тоа е за сите вас неуспех, дека имате парници помеѓу себе. Зошто порадо не ја претрпите неправдата? Зошто порадо не ја прежалите штетата? 8 Туку вие сами ги онеправдувате и оштетувате, и тоа браќата! 9 Или не знаете ли дека неправедниците нема да го наследат Божјото Царство? Не измамувајте се! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни мекушците, ни изопачените мажи (содомци), 10 ни крадците, ни лакомците, ни пијаниците, ни клеветниците, ни разбојниците, нема да го наследат Божјото Царство. 11 И некои од вас беа такви. Но, се измивте, и се осветивте, и се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог. 12 Сè ми е дозволено, но не е сè полезно. Сè ми е дозволено, но не сакам нешто да завладее над мене. 13 Храната е за стомакот, а стомакот за храната; Бог ќе ги уништи и едното и другото. А телото не е за блудство, туку за Господа, и Господ за телото; 14 а Бог, Кој Го воскресна Господа, ќе нè воскресне и нас со Својата сила. 15 Не знаете ли дека вашите тела се Христови членови? И така, ќе ги земам ли Христовите членови и да ги направам членови на блудница? Да не биде! 16 Или не знаете ли дека оној кој ќе се соедини со блудница е едно тело со неа? Зашто рече: „Обата ќе бидат едно тело.” 17 А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него. 18 Бегајте од блудство! Секој грев, што човекот го прави, е надвор од телото; а блудникот греши против своето сопствено тело. 19 Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас, Кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси? 20 Зашто скапо сте купени. И така, прославете Го Бога во своето тело и во својот дух, кои се Божји.
1 Што се однесува за она за што ми пишавте: добро е за човекот да не се допира до жена, 2 но заради блудствата секој нека има своја жена и секоја жена свој маж. 3 Мажот нека ја исполнува својата должност спрема жената; а исто така и жената спрема мажот! 4 Жената нема власт над своето тело, туку мажот; исто така и мажот нема власт над своето тело, туку жената. 5 Не лишувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да и се предадете на молитвата; потоа состанувајте се пак, за да не ве искушува сатаната, заради вашата невоздржаност. 6 Ова ви го велам како дозвола, а не како заповед. 7 Јас би сакал сите луѓе да бидат исто како и јас; но секој има од Бога свој дар, еден ваков друг онаков. 8 На неженетите и на вдовиците им велам дека е добро за нив, да останат исто како и јас. 9 Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да влегуваат во брак отколку да се распалуваат. 10 А на сопружниците не им наредувам јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот; 11 ако го напушти нека остане немажена или нека се помири со својот маж; и мажот да не ја остава својата жена. 12 А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта! 13 А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот, 14 зашто мажот кој не верува се осветува преку жената, а жената која не верува се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети. 15 Но, ако оној кој не верува напушти - нека напушти! Во таков случај братот или сестрата не се врзани како робови, зашто Бог нè повикал да живееме во мир. 16 Зашто, откаде знаеш ти, жено, дали не ќе го спасиш мажот? Или откаде знаеш ти, мажу, дека не ќе ја спасиш жената? 17 Впрочем, секој нека оди онака, како што Господ му доделил, како што Бог го повикал! Така наредувам по сите цркви. 18 Обрезан ли е повикан некој, да не го крие обрезанието; необрезан ли е повикан некој, да не се обрезува! 19 Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, туку извршувањето на Божјите заповеди. 20 Секој нека остане онаков каков е повикан! 21 Ако си повикан како роб? Не грижи се! Туку, ако можеш да станеш и слободен, подобро искористи го тоа, 22 зашто оној, кој е повикан како роб во Господа, слободен е во Господа; исто така и оној, кој е повикан како слободен, роб е на Христа. 23 Скапо сте купени! Не бидете им робови на луѓето! 24 Браќа, секој нека остане пред Бога во она во што е повикан. 25 За девиците немам заповед од Господа, но го кажувам своето мнение како оној, кој, добивајќи ја Господовата благодат, е достоен за доверба. 26 Според тоа, сметам дека ова е добро заради сегашната потреба; дека е добро за човекот да остане таков, како што си е. 27 Сврзан ли си со жена? Не барај развод! Разврзан ли си од жена? Не барај жена! 28 Но, иако се ожениш, не грешиш; а ни девицата не греши ако се омажи. Но, таквите ќе имаат телесни неволји, а јас пак се обидувам да ве поштедам. 29 Браќа, ви го велам ова: времето е кратко. Затоа, и оние кои имаат жени, да бидат како да ги немаат; 30 и кои плачат, како да не плачат; и кои се радуваат, како да не се радуваат; и кои купуваат, како да немаат; 31 и кои го ползуваат овој свет, како да не го ползуваат, зашто поминува обликот на светов. 32 Би сакал да бидете без грижи. Оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа. 33 А женетиот се грижи за земното: како да и угоди на жената, 34 та вниманието му е поделено. И немажената жена, девицата, се грижи за Господовото, за да биде света во телото и во духот; а мажената се грижи за светското: како да му угоди на мажот. 35 Ова го зборувам за ваша сопствена полза. Не за да ви поставам јамка, туку за да бидете чесни и за да Му служите без пречки истрајно на Господа. 36 Мисли ли некој дека постапува неприлично со својата девственост, ако навлегол во години, и дека така треба да биде, нека прави како што сака: не греши, нека се женат! 37 А оној, кој стои цврсто во своето срце и нема потреба, туку владее со својата волја, па решил во своето срце да ја запази својата девственост, добро прави; 38 така, оној кој се жени, добро прави; а оној којшто не се жени, прави подобро. 39 Жената е сврзана додека мажот и е жив. Ако и умре мажот, слободна е да се премажи за кого сака, само во Господа! 40 Но, според моето мислење, ќе биде посреќна, ако остане така; а мислам дека и јас имам Божји Дух.
1 Во однос на жртвите на идолите, знаеме дека сите ние имаме знаење. Но знаењето вообразува, а љубовта надѕидува. 2 Ако некој мисли дека знае нешто, тој уште не знае како треба да знае! 3 Но, ако некој Го љуби Бога, него Бог го познава. 4 И така, во однос јадењето на идолски жртви, знаеме дека идолот не е ништо во светот и дека нема друг Бог освен Единиот. 5 Зашто, ако и има таканаречени богови, било на небото, било на земјата, како што има многу богови и многу господари, 6 но, ние имаме еден Бог, Татко, од Кого е сè и за Кого сме ние, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè, и преку Кого сме и ние. 7 Но, сите го немаат ова знаење. Имено, некои според својата досегашна навика на идолите - ја јадат храната како идолска жртва, и така се осквернува нивната слаба совест. 8 Меѓутоа јадењето не нè прави угодни на Бога: ниту губиме нешто, ако не јадеме; ниту добиваме нешто, ако јадеме. 9 Но внимавајте оваа ваша слобода да не им стане сопка на слабите! 10 Зашто ако некој те види тебе, кој имаш знаење, како седиш на трпеза во идолскиот храм, нема ли неговата совест, бидејќи е слаба, да биде поттикната да јаде од жртвуваното на идолите? 11 И заради твоето знаење загинува слабиот брат, за кого Христос умре. 12 Така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, грешите против Христа. 13 Затоа, ако јадењето го соблазнува мојот брат, нема воопшто да јадам месо довека, за да не го соблазнувам својот брат.
1 Не сум ли апостол? Не сум ли слободен? Не го видов ли Исуса, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа? 2 Ако не сум им апостол на другите, но вам ви сум: зашто вие сте печат на моето апостолство во Господа. 3 Тоа е мојата одбрана пред оние, кои ме испитуваат. 4 Немаме ли право да јадеме и пиеме? 5 Немаме ли право да водиме жена од сестрите, како и другите апостоли и Господовите браќа, и Кифа? 6 Или само јас и Варнава немаме право да се воздржиме од работа? 7 Кој војник служи некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде млеко од стадото? 8 Го зборувам ли ова само по човечки? Не го вели ли ова и Законот? 9 Навистина, во Мојсеевиот Закон е напишано: „Не врзувај му ја устата на волот, што врши!”- Зар Бог се грижи за воловите? 10 Или го вели тоа главно за нас? Да, тоа е напишано за нас, зашто кој ора треба да ора во надеж, и кој врши, да врши во надеж дека ќе го добие својот дел. 11 Ако ние посеавме во вас духовни добра, дали е нешто големо ако ги жнееме вашите телесни добра? 12 Ако други го имаат тоа право над вас, немаме ли ние поголемо? Но ние не се служиме со тоа право, туку поднесуваме сè, за да не му поставиме некаква пречка на Христовото Евангелие. 13 Не знаете ли дека се хранат од храмот оние, кои исполнуваат света служба, и дека служителите на жртвеникот добиваат дел од жртвеникот? 14 Така, Господ им нареди на оние, кои го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието. 15 А јас не се ползував со ништо од сè тоа. А и ова не го напишав за да ми биде така, зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој да ми ја уништи пофалбата. 16 Ако пак го проповедам Евангелието нема за што да се фалам, зашто неопходноста ми е наложена. И тешко мене, ако не го проповедам Евангелието! 17 Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, сè уште мене ми е доверено управувањето. 18 Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието; и да не го исползувам наполно своето право во Евангелието. 19 Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе. 20 На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот. 21 На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон. 22 На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сè, та по секаков начин да спасам некои. 23 А сè тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него. 24 Не знаете ли дека во тркалиштето трчаат сите тркачи, но само еден добива награда! Трчајте така и вие, за да ја добиете! 25 Секој натпреварувач се воздржува од сè; тие, за да добијат распадлив венец, а ние нераспадлив. 26 Затоа јас трчам така, не како кон неизвесно; и се борам така, не како оној, кој го бие ветерот; 27 туку го совладувам своето тело и го правам свој роб, та јас кој им проповедав на другите, да не бидам самиот непожелен.
1 Не сакам да ви остане непознато, браќа, дека сите наши татковци беа под облакот и сите минаа низ морето; 2 и сите се крстија во Мојсеја, во облакот и во морето; 3 и сите јадеа иста духовна храна; 4 и сите пиеја иста духовна напивка; зашто пиеја од духовната Стена, која ги следеше, а таа Стена беше Христос. 5 Но Бог не најде благоволение во нив, и беа погубени во пустината. 6 А тие нешта станаа примери за нас, за да немаме зли желби, како што ги имаа тие. 7 И не бидете идолопоклоници како некои од нив, како што е пишано: „Народот седна да јаде и пие, потоа стана да игра!” 8 Ниту блудствувајте, како што блудствуваа некои од нив, и во еден ден паднаа дваесет и три илјади! 9 Ниту да Го искушуваме Господа, како што Го искушуваа некои од нив, и загинаа од змии. 10 Ниту роптајте, како што роптаа некои од нив, и загинаа од истребителот! 11 А сè тоа им се случи за пример, и е напишано за поука нам, врз кои дојдоа краевите на времињата. 12 И така, кој мисли дека стои, нека внимава да не падне! 13 Никакво искушение не ве постигна, освен човечкото. А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го издржите. 14 Затоа, мои возљубени, бегајте од идолопоклонството! 15 Зборувам како на мудри; пресудете сами за она што ви зборувам. 16 Чашата на благословот, што ја благословуваме, не е ли заедништво на Христовата крв? Лебот, што го раскршуваме, не е ли заедништво на Христовото тело? 17 Затоа што лебот е еден, и ние кои сме многу, само едно тело сме, зашто сите од еден леб имаме заедница. 18 Набљудувајте го земниот Израел! Оние, кои ги јадат жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот? 19 Па што сакам да речам? Дали жртвуваното на идолите е нешто; или дека идолот претставува нешто? 20 Не, туку дека она што народите го жртвуваат, им го жртвуваат на бесовите, а не на Бога; а јас не сакам вие да бидете во заедница со бесовите. 21 Не можете да ја пиете Господовата чаша и бесовската чаша. Не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза. 22 Или пак да Го предизвикаме Господа на ревнување? Дали сме ние посилни од Него? 23 Сè е дозволено, но не е сè полезно. Сè е дозволено, но не е сè поучно. 24 Никој да не ја бара својата полза, туку ползата на другиот! 25 Јадете сè што се продава во месарница, не испитувајќи ништо заради совеста, 26 зашто „Господова е земјата и сè што ја исполнува.” 27 Ако некој од неверниците те повика на јадење и сакаш да отидеш, јади од сè што ќе сложат пред тебе, не испитувајќи ништо, заради совеста. 28 Ако некој ти рече: „Ова било принесено на жртва,” не јади заради оној, кој те известил и заради совеста. 29 Но не мислам на твојата совест, туку на оној другиот. А зошто мојата слобода да биде судена од туѓа совест? 30 Ако учествувам со благодарност, зошто да ме хулат за она за што благодарам? 31 Според тоа, јадете ли, пиете ли, или ако правите нешто друго, правете сè за Божја слава! 32 Не бидете им соблазан на Јудејците, ни на Грците, ни на Божјата црква, 33 како што и јас им угодувам на сите во сè и не ја барам својата сопствена полза, но на многуте, за да се спасат.”
1 Угледајте се на мене, како и јас на Христа. 2 Ве пофалувам дека ме помните за сè и дека ги држите преданијата како што ви ги предадов. 3 Но сакам да знаете дека Христос е глава на секој маж, а мажот е глава на жената; а пак Бог е глава на Христа. 4 Секој маж, кој се моли или пророкува имајќи нешто на неговата глава, ја срамоти главата. 5 А секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срами својата глава, зашто е сосем исто како да е истригана. 6 И така: ако жената не се покрива - нека се истриже! Но ако е срамно за жената да се стриже или да се бричи; нека се покрива! 7 Мажот пак не треба да ја покрива главата, зашто е слика и слава Божја, а жената е слава на мажот. 8 Зашто мажот не е од жената, туку жената од мажот; 9 бидејќи мажот не е создаден заради жената, туку жената заради мажот. 10 Затоа жената треба да има власт на главата, заради ангелите. 11 Но во Господа ниту мажот е без жена, ниту жената - без маж, 12 зашто како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената, а сè е од Бога. 13 Пресудете сами во себе дали е прилично жената да Му се моли на Бога непокриена? 14 Не ве учи ли самата природа дека е срамно за мажот да има долга коса, 15 ако пак жената има долга коса, тоа е чест за неа, зашто косата и е дадена место превез. 16 Но ако некој мисли да се препира ние немаме таков обичај, ниту Божјите цркви. 17 Заповедувајќи ви го тоа, не можам да ве фалам, зашто вашите состаноци не се за подобро, туку за полошо. 18 Зашто, прво, слушам дека, кога се собирате постојат раздори меѓу вас, и верувам нешто од тоа, 19 зашто треба да има меѓу вас и разлики, за да се покажат подостојните меѓу вас. 20 И така, кога се собирате заедно, не е тоа за да се јаде Господовата вечера, 21 зашто кога ќе се седне на трпезата, секој го зема своето јадење; и едниот гладува, а другиот се пијани. 22 Немате ли куќи, за да јадете и пиете? Или ја презирате Божјата црква и ги срамите оние, кои немаат? Што да ви речам? Да ве пофалам? Не ве фалам во тоа. 23 Зашто, јас го примив од Господа она, што и ви го предадов: дека Господ Исус, во онаа ноќ во која беше предаден, зеде леб, 24 и благодари, го раскрши и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!” 25 Исто така и чашата, по вечера, и рече: „Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!” 26 Зашто, секојпат кога ќе го јадете овој леб, и ќе пиете од оваа чаша, ја навестувате Господовата смрт, додека дојде Тој. 27 Затоа, кој јаде од лебов или пие од оваа Господова чаша, на недостоен начин, ќе биде виновен против телото и крвта на Господа. 28 Но, човекот нека се испита себеси, и така да јаде од лебот и да пие од чашата, 29 зашто кој јаде и пие, а не Го распознава Господовото тело, јаде и пие за свое осудување. 30 Затоа мнозина се слаби и болни меѓу вас, а мнозина и умираат. 31 Ако се осудуваме сами себеси, нема да ни се суди; 32 а кога Господ нè суди, нè накажува, за да не бидеме осудени со светот. 33 Затоа , браќа мои, кога се собирате да јадете, чекајте се еден со друг! 34 Ако е некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го уредам кога ќе дојдам.
1 Што се однесува за духовните нешта, браќа, не сакам да останете во незнаење. 2 Знаете дека кога бевте многубошци, бевте влечени како терани кон немите идоли. 3 Затоа ве известувам дека никој, кој зборува во Божјиот Дух, не вели: „Проклет да е Исус,” и никој не може да каже: „Исус е Господ,” освен преку Светиот Дух. 4 Дарбите се различни, но Духот е ист. 5 Различни се и службите, но Господ е ист. 6 Има разлики и во дејствата, но Бог е ист, Кој врши сè во сите. 7 Секому му се дава откровение на Духот за општа полза. 8 На еден му се дава преку Духот слово на мудрост, на друг слово на знаење, преку истиот Дух; 9 на друг вера преку истиот Дух; а на друг пак дарови за лекување преку истиот Дух; 10 на друг да прави чуда, на друг да пророкува, на друг да ги разликува духовите, на друг разни јазици, а на друг да ги толкува јазиците. 11 А сè тоа го прави еден и ист Дух, Кој разделува секому, како што сака. 12 Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос: 13 зашто ние сите сме крстени преку еден Дух во едно тело - било Јудејци, или Грци, било робови, или слободни. И сите сме напоени во еден Дух. 14 Зашто телото не се состои од еден член, туку од многу. 15 Ако ногата рече: „Бидејќи не сум рака, не му припаѓам на телото,” тоа не ја прави да не е од телото. 16 И ако увото рече: „Бидејќи не сум око, не му припаѓам на телото,” тоа не го прави да не е од телото. 17 Ако целото тело би било око, каде би бил слухот? Ако сè би било слух, каде би било мирисањето? 18 Но Бог ги поставил членовите во телото; секој еден од нив, како што Му било угодно. 19 Ако пак сите би биле еден член, каде би било телото? 20 А сега се многу членови, а телото е едно. 21 Не може окото да и рече на раката: „Не си ми потребна,” или пак главата на нозете: „Не сте ми потребни!” 22 Туку попотребни се оние членови на телото, што изгледаат послаби. 23 И поголемо почитување им даваме на оние членови на телото, за кои сметаме дека не заслужуваат почитување. Нашите неугледни членови имаат поголема пристојност; 24 а на пристојните тоа не им треба. Но Бог го сложил телото, давајќи му поголема чест на оној член, кој ја нема, 25 за да нема раздор во телото, туку членовите еднакво да се грижат еден за друг. 26 И ако страда еден член, со него страдаат сите членови; или ако се слави еден член, сите членови се радуваат со него. 27 А вие сте Христово тело, а поодделно, членови. 28 И Бог ги поставил поединците во црквата: прво за апостоли, второ за пророци, трето за учители; потоа чудотворни сили, па дарови за исцелување, за помагање, за управување, за разни јазици. 29 Сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци? 30 Сите ли имаат дарови за исцелување? Дали сите зборуваат разни јазици? Сите ли се толкувачи? 31 Туку покажувајте ревност за подобрите дарби! А јас ќе ви покажам уште повозвишен пат.
1 Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам - тогаш сум бронза што ѕвони, или кимвал што ѕвечи. 2 И ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместува и планини, а љубов немам - ништо не сум. 3 И ако го раздадам целиот свој имот, за да ги нахранам бедните; и ако го предадам своето тело, да биде изгорено, а љубов немам, ништо не ми ползува. 4 Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; 5 не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; 6 не и се радува на неправдата, а и се радува на вистината; 7 сè премолчува, сè верува, на сè се надева, сè трпи. 8 Љубовта никогаш не престанува: А другите дарби : ако се пророштва - ќе се отстранат; јазици - ќе замолкнат; ако е знаење - ќе исчезне. 9 Зашто, делумно знаеме и делумно пророкуваме, 10 но кога ќе дојде совршеното, ќе се отстрани делумното. 11 Кога бев дете, зборував како дете, мислев како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отстранив детинското. 12 Зашто, сега гледаме како во огледало - нејасно; но тогаш: лице во лице. Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат. 13 А сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта, но љубовта е најголема од нив.
1 Стремете се кон љубовта! Ревнувајте за духовните нешта, а особено да можете да пророкувате! 2 Зашто, кој зборува на јазик, не им зборува на луѓето, туку на Бога; имено, никој не го разбира, но зборува тајни во својот дух. 3 А кој пророкува, им зборува на луѓето: за поука, опомена и утеха. 4 Кој зборува на јазик се изградува себеси, а кој пророкува изградува црквата. 5 Би сакал сите да зборувате јазици, а уште повеќе да пророкувате; зашто, оној, кој пророкува е поголем од оној, кој зборува јазици; освен ако ги толкува, та заедницата да добие надградба. 6 А сега, браќа, ако дојдам при вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштам или по пат на откровение, или знаење, или пророштво, или поука? 7 И бездушните нешта, што даваат глас, како свиролот или харфата, ако не даваат различни звуци, како ќе се познае свирењето на свиролот или харфата? 8 Ако трубата дава неопределен звук, кој ќе се подготвува за бој? 9 Така и вие: ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате? Ќе зборувате во ветер. 10 Во светот има кој знае колку разни гласови, и ниеден не е без значење, 11 или, ако не го познавам значењето на говорот, ќе му бидам странец на оној, кој зборува; а оној кој зборува, ќе ми биде туѓинец мене. 12 Така и вие, бидејќи покажувате ревност за духовните нешта, настојувајте да ги имате во изобилство за надградба на црквата! 13 Затоа оној кој зборува на јазик, нека се моли за да може да го толкува. 14 Зашто, ако се молам на непознат јазик, мојот дух се моли, но мојот ум останува без плод. 15 Што значи тоа? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот. 16 Зашто ако ти благословуваш со духот, како неупатениот ќе рече: „Амин”, на твоето благодарење, кога не знае што зборуваш? 17 Зашто, ти навистина благодариш, но другиот не се надградува. 18 Му благодарам на Бога дека зборувам повеќе јазици од сите вас; 19 но во заедницата повеќе сакам да речам пет збора со мојот ум, за да ги поучувам и другите, отколку десет илјади зборови на непознат јазик. 20 Браќа, не бидете деца во умот, туку бидете младенци во злобата, а во умот бидете зрели луѓе! 21 Во Законот е напишано: „Преку луѓе, кои говорат на друг јазик и преку усните на туѓинци, ќе му зборувам на овој народ, но и тогаш нема да Ме послушаат - говори Господ.” 22 Затоа јазиците се знак не за оние кои веруваат, туку за неверниците; пророштвото пак не е за неверниците, туку за оние, кои веруваат. 23 Ако пак целата црква се собере на едно место, и ако сите зборуваат на непознати јазици, и ако влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? 24 Но, ако сите пророкувате, а влезе некој неверник или неупатен, од сите е уверен, и од сите е осуден; 25 тајните на неговото срце се откриваат. И откако ќе падне на своето лице, ќе Го прослави Бога и ќе исповеда дека Бог е навистина меѓу вас. 26 Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сè нека биде за надградување! 27 Ако некој зборува на јазик; нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа по ред, а еден нека толкува! 28 Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бога! 29 Пророците пак нека зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат. 30 Ако некому, од седнатите, му дојде откровение, првиот нека замолчи! 31 Зашто сите можете да пророкувате, еден по еден, за да се поучуваат сите и за да се охрабруваат сите. 32 И пророчките духови им се покоруваат на пророците, 33 зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот, како што е во сите цркви на светите. 34 Жените да молчат во црквите; зашто ним не им е дозволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели Законот. 35 Ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома, зашто е срамно жената да зборува во црква. 36 Или од вас ли излезе Божјото слово! Или само до вас стигна? 37 Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека разбере дека ова, што ви го пишувам, е Господова заповед! 38 А кој не сака да го препознае ова, нека не биде препознаен! 39 Затоа, браќа мои, ревнувајте за пророкување и не забранувајте да се зборува во јазици! 40 И нека сите работи се вршат пристојно и уредно!
1 Ви напомнувам, браќа, за Евангелието, кое ви го проповедав и кое вие го примивте и во кое стоите. 2 Преку кое и се спасувате, ако го држите цврсто како што ви го проповедав, освен ако не сте поверувале напразно. 3 Зашто, ви го предадов најнапред она, што го бев и примил: дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата, 4 и дека е погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата; 5 дека му се јави на Кифа, после на Дванаесетте. 6 Потоа им се јави еднаш на повеќе од пет стотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои - починаа. 7 Потоа му се јави на Јакова, па тогаш на сите апостоли. 8 А најпосле ми се јави и мене како на недоносче. 9 Зашто јас сум најмал меѓу апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата Црква. 10 Но со Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат, која ми е дадена мене, не беше напразно, туку се потрудив поизобилно од сите нив, но не јас - туку Божјата благодат, која е со мене. 11 И така: било јас или тие, така проповедаме; а вие така поверувавте. 12 Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? 13 Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал; 14 А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера. 15 При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат. 16 Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. 17 А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. 18 Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале. 19 Ако само во овој живот се надеваме на Христа, ние сме најнесреќни од сите луѓе. 20 Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првенец на оние кои умреле. 21 Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку еден Човек дојде и воскресението од мртвите. 22 Зашто, како што сите умираат во Адама, така и во Христа сите ќе оживеат. 23 Но секој по својот ред: првенец Христос, после оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање. 24 Тогаш доаѓа крајот, кога ќе Му го предаде Царството на Бог и Таткото; откако ќе ги уништи: секое началство, и секоја власт и сила. 25 Зашто, Тој треба да царува „додека не ги положи сите свои непријатели под Своите нозе.” 26 Смртта ќе биде уништена како последен непријател. 27 Зашто „сè покорил под Неговите нозе.” А кога вели, дека е покорено сè, јасно е дека е покорено сè, освен Оној, Кој Му покорил сè. 28 Кога ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Нему Му потчинил сè, за да биде Бог сè во сè. 29 Инаку, што ќе прават оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив? 30 И ние зошто сме секој час во опасности? 31 Со вашата пофалба, браќа, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ, јас умирам секој ден. 32 Ако се борев, по човечки, со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!” 33 Не измамувајте се; „лошите друштва ги расипуваат добрите навики!” 34 Отрезнете се, како што треба, и не грешете, зашто некои не Го знаат Бога. За ваш срам, го велам ова. 35 Но, некој ќе праша:”Како воскреснуваат мртвите? И во какво тело ќе дојдат? 36 Неразумен човеку, она што го сееше ти, не оживува, ако не умре. 37 И што сееш, не го сееш телото што ќе биде; туку голо зрно, било пченично или од нешто друго. 38 А Бог му дава тело, какво што сака; и на секое семе негово тело. 39 Не е секое тело исто тело: туку друго е човечкото, и друго е животинското тело, и друго е телото на птиците, и друго на рибите. 40 Има и небесни тела и земни тела, но друг е сјајот на небесните тела, друг на земните. 41 Друг е сјајот на сонцето, а друг е сјајот на месечината; а друг е сјајот на ѕвездите, зашто ѕвезда од ѕвезда се разликува по сјајот. 42 Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост; 43 се сее без чест, воскреснува во слава; се сее во слабост, воскреснува во сила; 44 се сее природно тело, воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело. 45 Така е напишано: „Првиот човек, Адам, стана жива душа”; а последниот Адам - животворен Дух. 46 Но не е прво она што е духовно, туку е прво природното, а духовното доаѓа потоа. 47 Првиот човек е од земја, земјен; вториот Човек е од небото. 48 Каков е земниот, такви се и земните; каков е небесниот, такви се и небесните. 49 И како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и обликот на небесниот. 50 Ова ви го велам, браќа: телото и крвта не можат да го наследат Божјото Царство; ниту распадливото го наследува нераспадливото. 51 Еве! Ви кажувам тајна: не ќе - умреме сите, но сите ќе се измениме, 52 во еден миг, во миг на окото, при гласот на последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме, 53 зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо; и ова смртното да се облече во бесмртност. 54 А кога, ова, распадливото ќе се облече во нераспадливост; и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: „Победата ја проголта смртта. 55 Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?” 56 Осилото на смртта е гревот; а силата на гревот е законот. 57 Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос. 58 Затоа, мои возљубени браќа, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш пребогати во Господовото дело, знаејќи дека вашиот труд во Господа не е напразен.
1 А за собирањето милостини за светите, правете и вие како што им наредив на Галатските цркви. 2 Во секој прв ден, секој од вас, нека оддели и остави при себеси колку што може, за да не се врши собирањето кога ќе дојдам. 3 А кога ќе дојдам таму, ќе ги испратам, со писма, оние, кои вие ќе ги најдете за достојни, да го однесат дарот на вашата љубов во Ерусалим. 4 А ако биде прилично да одам и јас, тие ќе тргнат со мене. 5 При вас ќе дојдам, откако ќе ја поминам Македонија, зашто поминувам низ Македонија; 6 а при вас можеби ќе се задржам, па и да презимувам, за да ме испратите каде што одам. 7 Зашто не сакам да ве видам сега само на минување; но, се надевам да останам некое време при вас, ако Господ дозволи. 8 Во Ефес ќе останам до Педесетницата, 9 зашто ми се отвори за работа голема и делотворна врата, а противниците се многу. 10 Ако дојде Тимотеј, гледајте да биде без страв меѓу вас, зашто и тој го работи Господовото дело како и јас. 11 Затоа никој да не го презира! Испратете го во мир, да дојде при мене, зашто го чекаме со браќата. 12 Што се однесува за братот Аполос, многу го охрабрив да дојде при вас со браќата, но никако не сакаше да дојде сега; но ќе дојде кога ќе има прилика. 13 Бдејте! Стојте цврсто во верата, бидете мажествени, бидете силни! 14 Сè при вас да станува со љубов! 15 Уште, ве молам браќа, да знаете за Стефановиот дом, дека тој е ахајски првенец и дека тие се посветија да им служат на светите. 16 Покорувајте им се и вие на такви, и на секој што помага во делото и се труди! 17 Се радувам на доаѓањето на Стефана, Фортуната и Ахаика, зашто тие го надоместија вашето отсуство 18 и зашто го освежија и мојот и вашиот дух. Затоа признавајте ги таквите! 19 Ве поздравуваат азиските цркви. Ве поздравуваат многу во Господа Акила и Прискила со својата домашна црква. 20 Ве поздравуваат сите браќа! Поздравете се еден со друг со свет целив! 21 Поздравот е со мојата, Павлова рака. 22 Кој не Го љуби Господа да биде проклет! Мараната! 23 Благодатта на Господа Исуса да биде со вас. 24 И мојата љубов со сите вас во Христа Исуса. Амин!
1 Павле, апостол на Исуса Христа, преку Божјата волја, и братот Тимотеј до Божјата црква која е во Коринт, со сите свети, кои се по цела Ахаја. 2 Благодат вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа! 3 Благословен Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдноста и Бог на секоја утеха, 4 Кој нè утешува во секоја наша неволја, за да можеме и ние да ги утешуваме оние, кои се наоѓаат во каква и да е неволја, со утехата со која Бог нè утешува нас самите. 5 Зашто, како што Христовите страдања изобилуваат во нас, така преизобилува и нашата утеха преку Христа. 6 Ако сме измачувани, тоа е за ваша утеха и спасение. Ако се утешуваме, тоа е за ваша утеха, која дејствува во трпението на оние исти страдања, што ги трпиме и ние. 7 Нашата надеж за вас е цврста, знаејќи дека вие учествувате како во страдањата така и во утехата. 8 Браќа, не сакаме да останете во незнаење во однос на неволјата што ни се случи во Азија, додека бевме оптоварени преку секоја мерка и над нашите сили, така што не се надевавме ни да го запазиме својот живот. 9 Па и сами во себеси дојдовме до заклучок, дека ќе и бидеме предадени на смртта, за да не се надеваме сами на себеси, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите. 10 Тој нè избави и уште нè избавува од таква смрт; Тој, во Кого се надеваме, дека пак ќе нè избави, 11 со помош на вашата молитва за нас, за да му заблагодарат на Бога многу луѓе за нас, за благодатниот дар што го добивме. 12 Зашто нашата самопофалба е ова: сведоштвото на нашата совест, дека ние живееме во светот, а особено меѓу вас, во светост и Божја искреност, а не во телесна мудрост, туку во Божјата благодат. 13 Зашто, не ви пишуваме нешто друго, освен она, што го читате и разбирате; а се надевам дека ќе разберете до крај, 14 како што веќе нè разбравте делумно: дека ние сме пофалба за вас, а вие за нас, во Денот на нашиот Господ Исус. 15 Со таа увереност сакав да дојдам најпрвин при вас, за да примите двојна благодат; 16 и преку вас да поминам во Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, и вие да ме испратите за Јудеја. 17 И така, да не постапив лесномислено кога го посакав тоа? Или моите намери, се намери по телото, така што во мене истовремено е „да-да” и „не-не.” 18 Бог е верен, дека: нашето слово кон вас не е „да” и „не.” 19 Зашто Божјиот Син, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас: јас, Силуан и Тимотеј, не беше „да” и „не”, туку во Него беше „да”, 20 бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се „да.” Затоа и ние велиме „Амин”, преку Него, за слава на Бога, преку нас. 21 А Бог нè утврдува заедно со вас во Христа и нè помаза, 22 и нè запечати и ни го даде Духот во нашите срца, како залог. 23 А јас Го повикувам Бога за сведок на својата душа: дека, штедејќи ве вас, не дојдов веќе во Коринт; 24 но не како ние да владееме со вашата вера, туку сме соработници во вашата радост, зашто во верата вие стоите цврсто.
1 Затоа го решив ова во себеси: за да не доаѓам при вас пак во жалост. 2 Зашто, ако јас ве жалостам, тогаш кој ќе ме развеселува мене; ако не оној, кого јас го ожалостувам? 3 И точно тоа ви го пишував, за да не бидам, кога ќе дојдам ожалостен од оние, кои би требало да ме радуваат; уверен во сите вас, дека мојата радост е радост и на сите вас. 4 Зашто, ви пишував во голема тага и при тешкотија на срцето, и со многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја запознаете големата љубов, што ја имам кон вас. 5 Ако некој ме ожалостил, не ме ожалостил мене, - туку - во извесна смисла, да не претерувам, сите вас. 6 На таквиот му е доста казната од мнозинството, 7 така што вие треба побргу да му простите и да го утешите, за да не падне преголема жалост на него. 8 Затоа ве молам да покажете љубов кон него. 9 Бидејќи, затоа и ви напишав, за да ве испитам дали сте послушни во сè. 10 А кому ќе му простите нешто вие, нему му проштавам и јас. Зашто, ако сум и простил нешто јас, доколку сум простил, сум простил заради вас во лицето на Христа; за да не земе сатаната предимство над нас; 11 зашто не ни се непознати неговите намери. 12 Кога дојдов во Троада да го проповедам Христовото Евангелие, и кога ми се отвори вратата во Господа, 13 немав мир во својот дух, зашто не го најдов својот брат Тит, и затоа откако се простив од нив, отидов во Македонија. 14 Но, да Му благодариме на Бога, Кој секогаш нè води во Неговата победа во Христа, и на секое место, преку нас, го шири мирисот на Своето познавање; 15 зашто, ние сме пред Бога Христов пријатен мирис меѓу оние, кои се спасуваат, и меѓу оние, кои загинуваат; 16 на едните смртен мирис за смрт, а на другите животен мирис за живот. И кој е способен за сè ова? 17 Зашто, ние не го изопачуваме Божјото слово, како што мнозина го прават тоа, туку зборуваме искрено, како од Бога пред Бога во Христа.
1 Почнуваме ли пак да се препорачуваме сами себеси? Или, можеби ни се потребни, како на некои, писмени препораки за вас или од вас? 2 Вие сте нашето писмо напишано во нашите срца, кое го познаваат и го читаат сите луѓе. 3 Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку врз плочи - на човечките срца. 4 А такво уверување кон Бога имаме преку Христа. 5 Не дека сме способни сами од себе да помислиме за нешто, како сами од себе, туку, нашата способност доаѓа од Бога, 6 Кој и нè оспособи за служители на Новиот завет; не на буквата, туку на Духот, зашто буквата убива, а Духот оживува. 7 Ако пак служењето на смртта, со букви издлабени во камења, беше толку славно, така што Израелевите синови не можеа да го гледаат Мојсеевото лице, поради сјајот на неговото лице, кој требаше да престане, 8 како служењето на Духот не ќе биде уште пославно? 9 Зашто, ако е славно служењето што донесува осуда, многу е поизобилно во слава служењето што донесува праведност. 10 Зашто и она што беше прославено, не е прославено во тој поглед, заради славата која го надвисува. 11 Зашто, ако беше со слава она што било поминливо, многу повеќе е во слава она што е трајно. 12 И така, имајќи ваква надеж, зборуваме со голема смелост; 13 и не сме како Мојсеј, кој ставаше покривало на своето лице, за да не го видат Израелевите синови свршетокот на она што се отстрануваше. 14 Но нивните умови беа закоравени. Зашто, до денешниот ден останува истото покривало при читањето на Стариот Завет, и не се открива, зашто се отстранува само во Христа. 15 И така до денес, кога го читаат Мојсеја, покривалото им лежи на нивното срце. 16 Но, кога Израел се обрати кон Господа, покривалото се отстранува. 17 Зашто Господ е Дух, а каде е Господовиот Дух, таму е слободата. 18 А ние сите, со откриено лице, ја одразуваме Господовата слава и се преобразуваме во ист лик, од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух.
1 Затоа, имајќи го ова служење по милоста, што ја придобивме, ние не се истоштуваме, 2 туку се одрековме од тајните, срамни работи; не живееме во лукавство, ниту го изопачуваме Божјото слово, но преку откривањето на вистината се препорачуваме себеси на секоја човечка совест пред Бога. 3 Ако пак е покриено нашето Евангелие, покриено е за оние, кои загинуваат; 4 за неверните, на кои богот на овој свет им го заслепил разумот, за да не ги осветли светлината на Евангелието за славата на Христа, Кој е Божји лик. 5 Зашто, ние не се проповедаме себеси, туку Христа Исуса како Господ; а себеси како за ваши слуги заради Исуса. 6 Зашто, Бог, Кој рече светлина да засвети од темнината, Тој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа. 7 А ова благо го имаме во земни садови, та изврсноста на силата да биде од Бога, а не од нас. 8 Во неволја сме отсекаде, но не сме притеснети; во двоумење сме, но не губиме надеж; 9 нè гонат, но не сме оставени; нè соборуваат, но не сме погубени. 10 Каде и да одиме, секогаш го носиме Исусовото умирање во телото, па и животот Исусов да се покаже во нашето тело. 11 Зашто ние, живите, секогаш сме предавани на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се покаже во нашето смртно тело. 12 И така, смртта дејствува во нас, а животот во вас. 13 А бидејќи го имаме истиот дух на верата, како што е напишано: „Поверував, затоа зборував,” и ние веруваме и затоа зборуваме, 14 знаејќи дека Оној, Кој Го воскресна Господа Исуса, ќе нè воскресне и нас со Исуса и заедно со вас ќе нè постави пред Себе. 15 Зашто сè е ова заради вас, та благодатта - што се зголемила со посредство на мнозина, да направи да биде изобилна благодарноста за Божјата слава. 16 Затоа не се истоштуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од ден на ден. 17 Зашто, нашата сегашна лесна неволја ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава, 18 зашто ние не мислиме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се поминливи, а невидливите се вечни.
1 Зашто, знаеме: ако се разурне нашиот земен дом, кој е како шатор, имаме од Бога зграда, вечен дом на небесата, што не го изградила човечка рака. 2 Па затоа и воздивнуваме и копнееме да се облечеме со своето небесно живеалиште; 3 само така облечени, нема да се најдеме голи. 4 Зашто, ние кои сме во овој шатор, воздивнуваме обременети; зашто не сакаме да се соблечеме, туку да се облечеме и над него, и така животот да го проголта она што е смртно. 5 А Бог нè приготви токму за ова, со тоа што ни Го даде Духот како залог. 6 Така, бидејќи секогаш сме полни со верба и знаеме дека сме во телото, ние сме во туѓина, далеку од Господа, 7 зашто, уште одиме во верата, а не со гледањето, - 8 полни сме со вера, и повеќе сакаме да го напуштиме телово и да живееме при Господа. 9 Затоа и се грижиме да Му угодиме Нему, било да сме дома или во туѓина, 10 зашто сите ние треба да се појавиме пред Христовиот суд, и секој да прими според она што направил во своето тело, било добро или зло. 11 И така, знаејќи го стравот пред Господа, ги уверуваме луѓето, а на Бога сме Му познати, и се надеваме дека сме им познати и на вашите совести. 12 Не ви се препорачуваме пак вам, туку ви даваме повод и вие да се фалите со нас, за да имате што да им одговорите на оние, кои се фалат со она што е надвор, но не во срцето. 13 Зашто, ако сме биле вон себе - тоа е заради Бога; ако сме со здрава памет, тоа е заради вас. 14 Зашто, Христовата љубов нè опфаќа, 15 кога дојдовме до заклучокот: еден умрел за сите, значи дека сите умреле. А Тој умре за сите, та живите да не живеат веќе сами за себеси, туку за Оној, Кој умре и воскресна за нив. 16 Затоа отсега и ние не познаваме никого по тело; иако Христа Го познаваме и по тело; сега веќе не Го познаваме така. 17 И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сè стана ново. 18 А сè ова е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христа и ни ја даде службата на измирувањето, 19 зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи и вложувајќи го во нас словото на измирувањето. 20 Според тоа, ние сме пратеници на Христа - на тој начин што Бог моли преку нас. Молиме во името на Христа: помирете се со Бога! 21 Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него.
1 А како Негови соработници ние ве молиме, да не ја примате напразно Божјата благодат. 2 Зашто вели: „Во благопријатно време те послушав и во денот на спасението ти помогнав.” Еве, сега е благопријатното време, ете, сега е денот на спасението! 3 Не даваме никакви соблазни, ни во што, за да не и се приговори на нашата служба; 4 туку во сè се покажуваме како Божји слуги: во големо трпение, во неволји, во беди, во тешкотии, 5 при удари, во темници, во буни, во напори, во бдеења, во пости; 6 во чистота, во знаење, во трпеливост, во добрина, во Светиот Дух, во нелицемерна љубов; 7 во словото на вистината, во Божјата сила, со оружје на правдата, со десната и левата рака, 8 со слава и со срам, со лош глас и со добар глас, како измамници, а вистински луѓе, 9 како непознати, а пак, добро познати, како оние кои умираат - и ете, живееме; како казнувани, но не убивани, 10 како жалосни, но секогаш радосни; како бедни, а збогатуваме други, како оние кои немаат ништо, а имаат сè. 11 Нашата уста се отвори кон вас, Коринтјани, нашето срце стана широко. 12 Вам не ви е тесно во нас, но тесно ви е во вашите срца; 13 ви зборувам како на свои деца: бидете широки и вие, за да ми вратите на ист начин. 14 Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверниците! Зашто, што има правдата заедничко со беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината? 15 Во што се сложува Христос со Велијал? Или каков дел има верникот со неверникот? 16 Или како се сложува Божјиот храм со идолите? Зашто, ние сме храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе живеам во нив и ќе одам сред нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.” 17 ”Затоа, излезете од меѓу нив и одвоете се - говори Господ, и не допирајте се до нечисто; и Јас ќе ве примам; 18 и ќе ви бидам Татко, а вие ќе бидете Мои синови и ќерки, говори Господ Сèмоќниот.”
1 И така, возљубени, имајќи ги овие ветувања, да се очистиме од секоја духовна и телесна нечистота, довршувајќи ја својата светост во страв пред Бога. 2 Дајте ни место во своите срца! Никому не му направивме неправда, никого не упропастивме, никого не искористивме. 3 Не ви го велам ова за да ве осудам, зашто, реков пред малку, дека сте во нашите срца, за да умреме и за да живееме заедно. 4 Имам голема доверба во вас, и многу се фалам со вас; исполнет сум со утеха; преизобилувам со радост, во сите наши неволји. 5 Зашто, од кога дојдовме во Македонија, нашето тело немаше мир; туку отсекаде бевме во неволја; однадвор борби, внатре страв. 6 Но, Бог, Кој ги утешува потиштените, нè утеши со доаѓањето на Тит; 7 и не само со неговото доаѓање, туку и со утехата, со која тој се утеши заради вас, известувајќи нè за вашиот копнеж, за вашиот плач, за вашата ревност за мене, така што се зарадував уште повеќе. 8 Зашто, ако ве и нажалив со ова писмо, не се кајам. Па ако сум се и покајал, навистина гледам дека посланието ве натажи, ако и за малку, - 9 сега се радувам; не заради тоа што се нажаливте, но дека се нажаливте за покајание; зашто се нажаливте по Бога, така, за да не бидете оштетени од нас во што и да е. 10 Зашто, жалоста по Бога донесува покајание за спасение - за кое не се кае, а жалоста на светов донесува смрт. 11 Зашто, ете, тоа што се нажаливте по Бога, ви создаде вам не само голема сериозност, туку и одбрана, и негодување, и страв, и копнеж, и ревност и казнување. Покажавте во сè дека сте чисти во тоа дело. 12 Така, ако ви и пишав, не го напишав тоа заради навредувачот, ни заради навредениот, туку за да се покаже при вас, пред Бога, вашата ревносна грижа за нас. 13 Затоа се утешивте. Но покрај оваа наша утеха, многу повеќе се зарадувавме заради радоста на Тит, зашто сите вие го освеживте неговиот дух. 14 Ако му се пофалив со нешто за вас, не се посрамив, туку како што ви зборувавме сè во вистина; така и нашето фалење пред Тит се покажа вистина. 15 А неговото срце уште повеќе чувствува за вас, кога ќе се сети за послушноста на сите вас: како го примивте со страв и трепет. 16 Се радувам што можам во сè да се надевам на вас.
1 Ве известувам, браќа, за Божјата благодат дадена на црквите во Македонија; 2 дека, иако во многу неволји, со кои беа искушувани, нивната преумножена радост и длабоката беда, покажаа преизобилно богатство на нивната дарежливост. 3 Зашто сведочам, дека според своите можности, а и преку нив, дадоа доброволно 4 и нè молеа многу да им ја укажеме милоста да можат да учествуваат во службата на светите. 5 И даваа не само како што се надевавме, туку и самите себе Му се предадоа прво на Господа, и тогаш нам, преку Божјата волја. 6 Затоа го замоливме Тит како што порано започна, така и да го заврши меѓу вас и ова дело на љубовта. 7 И како што изобилувате во сè, во верата, во словото, во знаењето, во секаква ревност и во љубовта кон нас, покажете го своето изобилство и во ова дело на љубовта. 8 Не го велам ова како заповед, туку ја испитувам искреноста на вашата љубов, преку ревноста на другите. 9 Зашто позната ви е благодатта на нашиот Господ Исус Христос, како заради вас од богат стана сиромашен, за да се обогатите вие преку Неговата сиромаштија. 10 Со ова ви давам само совет, зашто тоа е полезно за вас, кои веќе од минатата година го почнавте не само со дело, туку и со својата волја. 11 А сега довршете го и тоа дело: како што бевте подготвени да сакате, така да бидете подготвени и да го довршите, според она што имате. 12 Зашто, ако има добра волја, таа е добро дошла според она што има, а не според она што нема. 13 Не сакам олеснувањето на другите да ви донесе неволја вам, туку да има рамноправност: 14 во сегашно време вашиот одвишок да ја покрие нивната скудност, и нивниот одвишок да послужи на вашата скудност, за да биде рамноправност, 15 според она што е напишано: „Кој собра многу, немаше одвишок, а кој собра малку, немаше недостиг.” 16 Но, Му благодарам на Бога, Кој истата грижа за вас му ја стави во срцето на Тит! 17 Зашто ја прифати нашата молба, но бидејќи многу ревносен, доброволно отиде при вас. 18 Со него го праќаме и братот пофалуван, за работење на Евангелието по сите цркви. 19 И не само тоа, туку црквите го избраа да патува со нас во ова дело на љубовта, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и да ја покажеме својата подготвеност. 20 Со тоа сакаме да избегнеме да не ни се префрли заради овој изобилен подарок што го донесуваме. 21 Зашто, ние се грижиме за она што е добро не само пред Господа, туку и пред луѓето. 22 А со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност ја испитавме повеќе пати во многу работи, а кој е уште поревносен сега, заради големата доверба во вас. 23 Што се однесува за Тит, тој е мој другар и соработник за вас. А што се однесува за нашите браќа, тие се пратеници на црквите и Христова слава. 24 И така, покажете им го пред црквите доказот на вашата љубов и на нашите пофалби за вас.
1 А во однос на собирање помош за светите, излишно е да ви пишувам, 2 зашто ми е позната вашата усрдност, за која се фалам со вас пред Македонците, дека Ахаја, уште од лани, е приготвена и дека вашата ревност поттикнала мнозина. 3 Сепак ги испраќам браќата, за да не се покаже, во овој однос, празно нашето фалење со вас и за да бидете, како што реков, приготвени, 4 и ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неприготвени, да не се засрамиме ние, да не речам вие. 5 И така, сметав за потребно да ги замолам браќата да отидат пред нас при вас, и да го приготват однапред вашиот отпорано најавен дар на благослов, така што да биде готов како благослов, а не како користољубие. 6 А ова го велам: кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее; кој сее во благослов, во благослов и ќе жнее! 7 Секој нека даде како што одлучил во срцето, а не со жал и не од принуда, зашто Бог го љуби радосниот дарител. 8 А Бог е силен да направи сета благодат да се излее изобилно врз вас, за да имате во сè секогаш сè што е потребно и да ви остане за секое добро дело, 9 како што е напишано: „Растури, им даде на бедните, Неговата правда останува вечна.” 10 Оној Кој му дава семе на сејачот, ќе му даде и леб за храна; и ќе го умножи вашето семе и ќе направи да израстат плодовите на вашата правда; 11 и да бидете богати во сè за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога. 12 Зашто извршувањето на оваа света служба, не само што им ја надополнува скудноста на светите, туку и се возвишува со тоа што мнозина Му благодарат на Бога; 13 тие се вредното извршување на оваа служба и се поттикнати да Го слават Бога, за вашето покорно признавање на Евангелието за Христа и за дарежливоста на вашето заедништво со нив и со сите, 14 и со својата молитва покажуваат дека копнеат по вас, заради преизобилната Божја благодат во вас. 15 Благодарение на Бога за Неговиот неискажлив дар.
1 А јас самиот, Павле, ве молам заради Христовата кротост и благост; јас, кој сум смирен пред вас, кога сум меѓу вас, но сум смел кон вас, кога сум далеку од вас; 2 ве молам кога ќе бидам при вас, да не треба да истапам со онаа смелост, со која мислам да истапам против некои, кои мислат дека ние одиме по телото. 3 Зашто, иако живееме во телото, не војуваме со телото, 4 зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е силно во Бога за разурнување на тврдини, 5 па ги рушиме мудрувањата; и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога; и ја поробуваме секоја мисла за послушност на Христа; 6 и готови сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност. 7 Зар надворешно гледате на работите? Ако е некој уверен во себе дека е Христов, нека го размисли уште еднаш во себеси ова: како што е тој Христов, така сме и ние! 8 Зашто, ако се пофалам и малку повеќе со нашата власт, што Господ ни ја даде за ваше издигање, а не за ваша пропаст, нема да се засрамам; 9 за да не се покажам дека ве заплашувам со писмата, 10 зашто, „писмата се, велат некои, значајни и силни; но при личното присуство тој е слаб, а зборот му е презрен.” 11 Таквиот нека знае дека она што сме на збор преку посланијата кога сме отсутни, тоа сме и на дело кога сме присутни. 12 Имено, ние не смееме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои, кои се препорачуваат сами себеси; но не постапуваат разумно, зашто се мерат сами со себе и се споредуваат сами со себе. 13 А ние не сакаме да се фалиме преку мерка, туку само според мерката на правилото, што Бог ни ја определил како мерка, за да достигнеме и до вас. 14 Зашто, ние не преминуваме преку мерката, како да не сме достигнале до вас; зашто ние стигнавме и до вас со Евангелието на Христа. 15 Не се фалиме преку мерка со туѓи напори, туку се надеваме дека ќе се возвеличиме изобилно меѓу вас, според нашата мерка, кога ќе порасне вашата вера; 16 и да го проповедаме Евангелието подалеку од вас, а да не се фалиме со она што е направено во границите, што им се определени на други. 17 ”Кој се фали, во Господа да се фали.” 18 Зашто, не е достоен кој самиот се препорачува, туку оној кого Господ го препорачува.
1 Ох, кога би сте можеле да истрпите малку безумие од моја страна! Но, вие и ме трпите! 2 Зашто, ревнувам за вас со Божја ревност; бидејќи ве свршив со еден маж, за да ве приведам како чиста девица пред Христа. 3 Но се плашам, како што змијата ја измами Ева со своето лукавство, така и вашите мисли да не се одвратат од простодушноста и од чистата верност во Христа. 4 Зашто, ако некој дојде да ви проповеда друг Исус, кого ние не го проповедавме; или ако примате друг дух, кого не го примивте; или друго евангелие, кое не сте го примиле, вие сепак би сте го трпеле тоа. 5 Имено, мислам дека во ништо не сум помал од најпрвите апостоли. 6 Ако сум и невешт во говорот, не сум во знаењето, тоа ви го покажавме во сè и сешто. 7 Грев ли сторив понижувајќи се самиот, за да ве издигнам вас, кога без награда ви го проповедав Божјото Евангелие? 8 Ограбив други цркви, примајќи од нив плата, за да ви служам вам. И кога бев при вас, и кога бев во беда, никому не му бев на товар; 9 зашто за моите потреби дадоа браќата, кои дојдоа од Македонија. И се пазев во сè, и ќе се пазам, да не ви бидам товар. 10 Христовата вистина е во мене, и оваа пофалба за мене нема да биде ограничена во ахајските краишта! 11 Зошто? Затоа ли што не ве љубам? Бог знае! 12 А она што го правам, ќе го правам и во иднина, за да го пресечам поводот на оние, кои бараат повод, за да се покажат како нас во она во што се фалат. 13 Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, измамливи работници кои се преправаат во Христови апостоли. 14 И не е чудно, зашто самиот сатана се преправа во ангел на светлината. 15 Тогаш, не е ништо големо, ако и неговите слуги се преправаат во слуги на правдата. Но нивниот крај ќе им биде според нивните дела. 16 Велам пак: никој да не ме смета за безумен, ако пак ме смета како таков, примете ме како безумен, за да се пофалам и јас малку. 17 А она што го зборувам сега, не го зборувам по Господа, туку како во безумство, во смелоста на фалењето. 18 И кога веќе мнозина се фалат по тело, и јас ќе се фалам; 19 зашто вие, кои сте мудри, со задоволство ги трпите безумните! 20 Имено, трпите: ако некој ве заробува, ако некој ве јаде, ако некој ве ограбува, ако некој се возвишува себеси, ако некој ве удира по лице. 21 Зборувам за срам, како да бевме слаби во тоа. Но ако е некој смел во нешто (зборувам по безумство) и јас сум смел. 22 Евреи ли се? И јас сум. Израелци ли се? И јас сум. Авраамово потомство ли се? И јас сум. 23 Христови служители ли се? Зборувам во безумство. Јас сум уште повеќе. Повеќе се трудев, повеќепати бев во темници, бев биен премногу; многупати во смртни опасности. 24 Од Јудејците примив петпати по четириесет удари без еден. 25 Трипати бев бичуван, еднаш каменуван, трипати доживеав бродолом; ноќ и ден поминав на длабоко море. 26 Често патував: бев во опасности од реки, во опасности од разбојници, во опасности од сонародници, во опасности од народи; во опасности во град, во опасности во пустина, во опасности по море, во опасност меѓу лажни браќа, 27 во труд и тешкотија, многупати во неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голота; 28 посебно, преку сè тоа што секојдневно напаѓа на мене - грижата за сите цркви. 29 Кој е слаб, а и јас да не сум слаб? Кој се соблазнува, а јас да не согорувам? 30 Ако треба да се фалам, ќе се фалам со своите слабости. 31 Бог и Таткото на нашиот Господ Исус, Кој е благословен довека, знае дека не лажам. 32 Во Дамаск, намесникот на царот Арета, го чуваше Дамаскиот град, сакајќи да ме фати, 33 и ме спуштија низ прозорец, во кош преку ѕидот, и избегав од неговите раце.
1 Немам полза ако се фалам, но сепак ќе дојдам до виденијата и откровенијата Господови. 2 Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, не знам дали во телото, не знам дали вон телото, Бог знае, беше грабнат и издигнат до третото небо. 3 И за таквиот човек знам, не знам дали во телото, не знам дали вон телото, Бог знае - 4 дека беше грабнат и издигнат до рајот и дека чул неискажливи зборови, што човекот не смее да ги каже. 5 Ќе се фалам со таков човек, а со себеси нема да се фалам, освен со своите слабости. 6 Зашто, ако би посакал да се фалам; нема да бидам неразумен, зашто би ја зборувал вистината. Но се воздржувам, за да не помисли некој за мене повеќе, отколку што во мене гледа или од мене слуша. 7 И за да не се возвишам поради прекумерните откровенија, даден ми е трн во телото, сатанин ангел, за да ме удира, за да не се возвишам. 8 Трипати го молев Господа за тоа, за да го отстрани од мене. 9 И Тој ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, зашто Мојата сила се покажува совршена во слабоста.” Затоа, со поголема радост ќе се фалам во своите слабости, за да се всели во мене Христовата сила. 10 Останувам со добра волја во: слабостите, навредите, неволјите, прогонувањата, притеснувањата заради Христа, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен. 11 Станав безумен; вие ме принудивте.Требаше вие да ме препорачувате, зашто во ништо не сум подолен од најпрвите апостоли, ако и не сум ништо. 12 Апостолските знаци направени се меѓу вас во секакво трпење, во знаци, чудеса и сили. 13 Во што добивте помалку од другите цркви, освен што јас не ви бев товар. Простете ми ја таа вина! 14 Еве, готов сум да дојдам при вас и по третпат, и нема да ви бидам товар, зашто не го барам вашето, туку вас. Зашто, децата не се должни да печалат блага за родителите, туку родителите за децата. 15 А јас со најголемо задоволство ќе потрошам сè и самиот ќе се потрошам за вашите души. Кога јас ве љубам толку многу; ќе бидам ли јас помалку љубен? 16 Па нека биде! Не ви бев товар, но како итар човек ве добив со измама. 17 Дали ве искористив преку некој од оние, кои ви ги испратив? 18 Го замолив Тит и со него го испратив оној брат. Зар Тит ве исползува? Зар не одевме во ист дух? Не по истите ли стапки? 19 Вие одамна мислите дека се оправдуваме пред вас! Пред Бога, во Христа, зборуваме, а сè е тоа, возљубени мои, за ваша надградба. 20 Зашто се плашам, кога ќе дојдам, да не ве најдам такви, какви што ве сакам; и да не се најдам и јас пред вас таков, каков што вие не ме сакате; да нема меѓу вас: кавги, зависти, гнев, соперништво, клевети, гордости, немири; 21 и кога ќе дојдам пак, да не ме понизи мојот Бог пред вас и да не треба да плачам за мнозина, кои згрешиле порано, а не се покајале за нечистотата, и блудството, и срамотата, што ги направиле.
1 Ова е по третпат како доаѓам при вас. „Од устата на двајца или тројца сведоци ќе биде потврдена секоја работа.” 2 Порано реков и сега им зборувам однапред, како кога бев по вторпат; но сега во отсуство, на оние кои грешеле порано, и на сите други, дека нема да ги штедам кога ќе дојдам пак, 3 зашто вие барате доказ дали зборува во мене Христос, Кој не е слаб кон вас, туку е силен меѓу вас. 4 Зашто Тој беше распнат по слабост, но живее од Божјата сила. И ние исто сме слаби во Него, но ќе живееме со Него од Божјата сила, меѓу вас. 5 Испитајте се сами себе: дали сте во верата, проверете се сами себе! Или не се познавате себеси, дека е Христос во вас? Инаку не сте потврдени. 6 Но се надевам дека ќе познаете дека ние не сме непотврдени. 7 Му се молам на Бога да не направите никакво зло, не затоа за да се покажеме ние потврдени, туку за да правите вие добро, а ние да бидеме како непотврдени. 8 Затоа ние не можеме ништо против вистината, туку само за вистината. 9 Имено, се радуваме кога сме ние слаби, а вие јаки; затоа и се молиме за вашето усовршување. 10 Затоа ви го пишувам ова, во отсуство, за да не постапам строго, кога ќе бидам при вас, според власта, што Господ ми ја даде за надградување, а не за разурнување. 11 Впрочем, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномисленици и живејте во мир, и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас! 12 Поздравете се еден друг со свет целив! 13 Ве поздравуваат сите свети! 14 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, и љубовта на Бога и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите вас! Амин!
1 Павле - апостол, испратен не од луѓе, ниту преку посредство на човек, туку преку Исуса Христа и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите - 2 и сите браќа, кои се со мене, до црквите во Галатија. 3 Благодат и мир на вас од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа, 4 Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нè избави од сегашниот лукав век, по волјата на нашиот Бог и Татко! 5 Кому е слава во сите векови. Амин! 6 Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика во Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие, 7 кое не е друго, само има некои, кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие. 8 Но ако и ние, или ангел од небото, ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, да биде проклет! 9 Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, што се разликува од она што го примивте, да биде проклет! 10 Дали јас сега ги уверувам луѓето или Бога? Или настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов служител. 11 Зашто, ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко, 12 бидејќи ниту јас го примив од човек ниту го научив, туку преку откровението на Исуса Христа. 13 Вие секако сте чуле за моето некогашно живеење во јудејството: како прекумерно ја гонев Божјата црква и ја запустував. 14 и во јудејството надминав многу свои врсници во својот народ, вдахновен од преголемата ревност за преданијата на своите прататковци. 15 А кога Му беше по волја на Оној, Кој ме оддели од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, 16 да Го открие во мене Својот Син, за да Го проповедам меѓу народите, не се посоветував веднаш со тело и крв, 17 ниту отидов горе во Ерусалим кај оние, кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск. 18 А на три години потоа отидов горе во Ерусалим, за да го видам Петар, и останав при него петнаесет дена. 19 А некој друг од апостолите не видов, освен Јаков, братот Господов. 20 А пак што ви пишувам, еве пред Бога велам дека не лажам. 21 Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија. 22 А на црквите во Јудеја кои се во Христа, лично им бев уште непознат, 23 тие беа само слушале: „Оној, кој некогаш нè гонеше, сега ја проповеда верата, која некогаш ја разурнуваше.” 24 И го славеа Бога во мене.
1 На четиринаесет години потоа отидов горе пак во Ерусалим со Варнава, земајќи го со себе и Тит. 2 А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието, кое го проповедам меѓу народите, но насамо на видните, можеби да не трчам или да не сум трчал напразно. 3 Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже, 4 и тоа заради тајно воведените лажни браќа, кои се вовлекле за да ја согледуваат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нè поробат. 5 На кои не им отстапивме ни за час, ниту им се покоривме, за да остане со вас вистината на Евангелието. 6 А што се однесува за оние, кои беа сметани за видни, какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа на човековото лице - тие видните ништо не ми придадоа. 7 Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено Евангелието меѓу необрезаните, како на Петар меѓу обрезаните - 8 зашто Оној, Кој го оспособи Петра за апостолство меѓу обрезаните, ме оспособи и мене за паганските народи - 9 и кога ја познаа благодатта, што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ги дадоа, мене и на Варнава, десниците во знак на заедништвото; за да одиме ние до паганските народи, а тие до обрезаните; 10 само да си спомнуваме за бедните, за истото, што и ревнував да го правам. 11 А кога Кифа дојде во Антиохија, му се спротивставив во лице, зашто требаше да биде осуден. 12 Имено, пред да дојдат некои од Јакова, тој јадеше со многубошците, но кога дојдоа овие, тој се повлече и се отстрани, заради страв од обрезаните. 13 И дволичеа со него и другите Јудејци, така што нивното лицемерство го заведе и Варнава. 14 Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: „Ако ти, кој си Јудеец, живееш како народите; а не јудејски, како можеш да ги принудуваш народите да живеат јудејски. 15 Ние сме по раѓање Јудејци, а не грешници од народите. 16 Но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува од делата на Законот, туку само преку верата на Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме од верата во Христа, а не од делата на Законот ; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден човек. 17 Па ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христа, се најдовме грешници, дали е тогаш Христос служител на гревот? Далеку од тоа! 18 Зашто, ако повторно го ѕидам она што сум го разурнал, се покажувам како престапник: 19 зашто јас умрев преку Законот за Законот, за да живеам за Бога. 20 Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене. 21 Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос умрел напразно.
1 О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса вас, пред чии очи Исус Христос е јасно нацртан како распнат? 2 Сакам само ова да го научам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера? 3 Толку ли сте неразумни? Што почнувајќи со Духот, сега сами завршувате со тело? 4 Дали толку многу страдавте напразно? Ако е навистина напразно! 5 А Оној, Кој ви дава Дух и прави силни дела во вас, дали го прави тоа врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера? 6 Како што и Авраам „му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.” 7 И така, признајте, дека Авраамови синови се оние, кои се од верата. 8 А и Писмото предвиде, дека Бог преку верата ги оправдува народите, и однапред му го навести Евангелието на Авраама: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.” 9 И така, оние, кои веруваат се благословени заедно со верниот Авраам. 10 Имено, кои ги прават делата на Законот, под клетва се, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој не е постојан во сè што е напишано во Книгата на Законот, да го исполнува тоа.” 11 А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто „праведникот ќе живее од верата.” 12 А Законот не е од верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.” 13 Христос нè откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој виси на дрво!” - 14 Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот. 15 Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто. 16 А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата”, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе” Кој е Христос. 17 Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето. 18 Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето. 19 Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето. 20 Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден. 21 Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот. 22 Но Писмото сите ги затвори под грев, и врз основа на верата во Исуса Христа ветувањето да им биде дадено на оние, кои веруваат. 23 А пред да дојде верата, бевме под стражата на законот, затворени, до времето на верата која требаше да се открие. 24 Така, Законот ни беше наш воспитач до Христа, за да се оправдаме преку верата. 25 А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувачот. 26 Зашто, сите сте Божји синови преку верата во Христа Исуса, 27 зашто сите, кои се крстивте во Христа, се облековте со Христа. 28 Нема веќе ни Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса. 29 А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето.
1 Ви велам пак, додека е наследникот малолетен, со ништо не се разликува од робот, иако е господар на сè. 2 Туку е под настојници и управители до рокот определен од таткото. 3 Така и ние, додека бевме малолетни, бевме заробени под првобитните учења на светот; 4 а кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот, 5 за да ги откупи оние, кои беа под Законот, за да го примиме посинувањето. 6 А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во вашите срца: Духот на Својот Син, Кој вика: „Ава, Татко!” 7 Затоа не си повеќе роб, туку син; а ако си син, тогаш си и наследник на Бога преку Христа. 8 Но вие порано, не познавајќи Го Бога, им служевте ропски на боговите, кои по природа не се тоа. 9 А сега, кога Го познавате Бога, или уште подобро: откако Бог ве позна вас - како можете пак да им се враќате на слабите и бедни елементарни учења, на кои сакате пак одново да им служите ропски? 10 Внимавате на деновите, и месеците, и времињата, и годините. 11 Се плашам за вас, да не се трудев напразно за вас. 12 Ве молам, браќа, бидете каков што сум јас, зашто и јас сум како вас! Вие со ништо не сте ме навредиле. 13 А знаете дека за првпат во телесна слабост, ви го проповедав Евангелието; 14 и искушението, кое беше за вас, во моето тело, не го отфрливте, ниту се згнасивте од него; туку ме примивте како Божји ангел, како Христа Исуса. 15 Сега, каде е она ваше блаженство? Зашто ви сведочам, дека кога би било можно, би ги извадиле своите очи и би ми ги дале мене. 16 Дали ви станав непријател затоа, што ви ја зборувам вистината? 17 Тие не ревнуваат добро за вас, туку сакаат да ве одвојат, за да ревнувате за нив. 18 Меѓутоа, добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум јас при вас, 19 деца мои, кои пак сум во породилни маки, додека Христос се вообличи во вас. 20 Би сакал да сум сега при вас, и да го изменам својот глас, зашто сум во сомнение за вас. 21 Кажете ми, вие, кои сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот? 22 Зашто е напишано дека Авраам имал два сина: едниот од робинката, а другиот од слободната. 23 Но оној, од робинката, роден е по тело, а оној од слободната преку ветувањето. 24 Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара - 25 зашто Агара е Синајската Гора во Арабија, и му одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца. 26 Но небесниот Ерусалим е слободен, тој е наша мајка, 27 зашто е напишано: „Весели се неплодна, која не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си имала породилни маки; зашто оставената има повеќе деца, отколку онаа, која има маж.” 28 И вие сте, браќа, деца на ветувањето како Исак. 29 И како што некогаш оној, кој се роди по тело, го гонеше оној, кој се роди по дух, така е и сега. 30 А што вели Писмото? „Истерај ја робинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката нема да наследи со синот на слободната!” 31 Затоа, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.
1 Христос нè ослободи за слободата. Според тоа, стојте цврсто и не потчинувајте му се пак на ропскиот јарем. 2 Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос никако нема да ви користи. 3 И пак му сведочам на секој човек, кој се обрезува, дека е должен да го исполни целиот Закон. 4 Се одвоивте од Христа вие, кои сакате да се оправдате преку Законот; отпаднавте од благодатта. 5 Зашто ние, преку Духот, преку верата, ја очекуваме надежта на правдата. 6 Зашто во Христа Исуса ниту обрезанието има вредност, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта. 7 Трчавте добро! Кој ви попречи да не се покорувате на вистината? 8 Тоа одвраќање не е од Оној, Кој ве повика. 9 Малку квас го потквасува целото тесто. 10 Јас сум уверен за вас во Господа, дека нема да мислите инаку. А кој ве буни ќе претрпи осуда, кој и да бил! 11 Ако пак јас, браќа, уште го проповедам обрезанието, зошто уште ме гонат? Во тој случај се укинува соблазната од крстот! 12 О, да се отсечеа оние, кои ве бунат! 13 Зашто вие, браќа, повикани сте кон слобода; само слободата да не ви биде повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. 14 Зашто целиот Закон е исполнет во еден збор - во: „Љуби го својот ближен како самиот себе!” 15 Ако пак се гризете и јадете еден со друг, пазете да не се истребите еден со друг. 16 А велам: одете во Духот и нема да ги исполнувате страстите на телото, 17 зашто телото копнее против Духот, а Духот против телото; зашто тие се противат еден на друг, за да не го правите она, што сакате. 18 Но, ако Духот ве води не сте под Законот. 19 А делата на телото се познати; тоа се: блудство, нечистота, бесрамност, 20 идолопоклонство, вражање, непријателства, препирка, ревнување, гнев, себичност, раздори, кривоверства; 21 зависти, убиства, пијанства, срамни гозби, и слични на овие, за кои ви зборувам однапред, како што ви реков и порано: дека оние, кои прават такви работи, нема да го наследат Божјото Царство. 22 А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; 23 нема закон против вакви нешта. 24 А оние кои се Христови го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти. 25 Ако живееме во Духот, нека и да Го следиме Духот! 26 Да не бидеме полни со суетно славољубие! Да не се предизвикуваме еден со друг! Да не си завидуваме еден на друг!
1 Браќа, ако и да падне некој во некаков грев, вие, кои сте духовни, поправувајте го таквиот во духот на кротоста, но чувај се себеси и ти да не бидеш искушан. 2 Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните законот Христов! 3 Зашто, ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот се измамува. 4 А секој да го испита своето дело, па тогаш ќе има пофалба само пред себеси, а не пред друг. 5 Зашто секој ќе го носи своето бреме. 6 А кој се учи на словото, нека ги дели сите свои добра со оној, кој го учи. 7 Не лажете се: Бог не дозволува да биде изигран! Зашто што човекот ќе посее, тоа и ќе жнее: 8 кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот. 9 Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме. 10 Затоа, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на оние, кои припаѓаат на нашето семејство по вера. 11 Видете, колкави букви ви напишав со сопствена рака! 12 Сите оние, кои сакаат да се прават важни со телото, тие ве приморуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети заради Христовиот крст. 13 Зашто ни самите тие, кои се обрезуваат, не го пазат Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се фалат со вашето тело. 14 А јас сум далеку од тоа да се фалам со нешто друго, освен во крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого светот е распнат за мене и јас за светот! 15 Зашто ниту обрезанието е нешто ниту необрезанието, туку ново создание. 16 И на сите, кои ќе го следат ова правило - мир и милост, на нив, и на Божјиот Израел. 17 Во иднина никој да не ми досадува повеќе, зашто ги носам Исусовите рани во своето тело. 18 Браќа, благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух! Амин!
1 Павле, преку Божја волја апостол на Исуса Христа, до светите во Ефес и верните во Христа Исуса: 2 благодат на вас и мир од Бога, нашиот Татко и од Господа Исуса Христа! 3 Да биде благословен Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови, во Христа, со секаков духовен благослов во небесните места; 4 зашто нè избра во Него, пред создавањето на светот, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубов. 5 Како што нè и определи однапред за да нè посини преку Исуса Христа, по благоволение на Својата волја, 6 за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нè дарува во Возљубениот, 7 во Кого имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите, според богатството на Неговата благодат, 8 која ја излеа изобилно на нас во секоја мудрост и разумност, - 9 соопштувајќи ни ја тајната на Својата волја, според Своето благоволение, што го одреди во Него, 10 за да ја спроведе кога ќе се исполнат времињата: за да соедини повторно во Христа: сè што е на небесата и што е на земјата - во Него, 11 во Кого и ние бевме избрани за наследници, зашто бевме определени однапред со одлуката на Оној, Кој прави сè по советот на Својата волја, 12 за да бидеме за пофалба на Неговата слава, ние, кои веќе отпорано се надевавме во Христа. 13 Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината - Евангелието на вашето спасение - и откако и вие поверувавте, станавте запечатени со Светиот Дух на ветувањето. 14 Кој е залог за нашето наследство, за откупување на оние кои станаа Божја сопственост - за пофалба на Неговата слава. 15 Затоа и јас, откако чув за вашата вера во Господа Исуса и за вашата љубов кон сите свети, 16 не прекратувам да заблагодарувам за вас, спомнувајќи ве во своите молитви, 17 та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение во вистинското познавање на Него: 18 и да ги избистри очите на вашето срце, за да знаете каква е надежта на Неговото повикување, колкаво е богатството на Неговото славно наследство во светите, 19 и колку е преголема Неговата сила кон нас, кои веруваме - според дејствувањето на Неговата моќна сила; 20 чие дејство го покажа во Христа, кога Го воскресна од мртвите и Го постави оддесно на Себеси во небесните места, 21 далеку над секое началство, и власт, и сила, и господство и над секое име, кое се спомнува не само во овој свет, туку и во идниот. 22 И сè Му покори под Неговите нозе, а Него Го постави за Глава над сè на Црквата, 23 која е Негово Тело - полнота на Оној, Кој исполнува сè во сè.
1 И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, 2 во кои живеевте некогаш според векот на овој свет, според кнезот на воздушните сили - духот, кој дејствува сега меѓу синовите на непокорноста. 3 Меѓу овие, и ние живеевме некогаш во своите телесни страсти, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите и бевме по природа чеда на гневот како и сите други. 4 Но Бог, Кој е богат во милост - поради Својата голема љубов со која нè возљуби нас, 5 нè оживе заедно со Христа и нас, кои бевме мртви поради нашите гревови, - по благодат сте спасени! - 6 и со Него нè воскресна и со Него нè седна во небесните места, во Христа Исуса, 7 та, во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса. 8 Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! 9 Не од делата, за да не се фали некој. 10 Имено, Негово дело сме, создадени во Христа Исуса, за добри дела, кои Бог ги подготви однапред, за да живееме во нив. 11 Затоа спомнувајте си, дека вие, кои некогаш бевте незнабошци по тело, и наречувани необрезани од оние, кои се наречуваа обрезани, и кои се тоа по телото, по човечко дело; 12 во она време бевте без Христа, оттуѓени од израелското општество, и туѓи на заветите на ветувањето, без надеж и без Бога во светот. 13 А сега во Христа Исуса, вие кои некогаш бевте далеку, станавте близу преку Христовата крв. 14 Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двете направи едно, и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше, 15 и во Своето тело го уништи непријателството и законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, од двата да создаде во Себе еден нов човек, 16 и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уби врз него непријателството. 17 Тој дојде да ви проповеда мир на вас, кои бевте далеку и мир на оние, кои беа близу: 18 зашто преку Него, и едните и другите, имаме пристап при Таткото во еден Дух. 19 Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога, 20 надѕидани врз основата на апостолите и пророците, а аголниот камен е Самиот Христос Исус, 21 врз Кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господа, 22 врз кого и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божјо живеалиште.
1 Затоа јас, Павле, сум затвореник на Христа Исуса за вас народите, 2 само ако сте чуле за управителството на Божјата благодат, која ми е дадена за вас; 3 дека по откровение ми е соопштена тајната, како што порано пишав накратко. 4 Читајќи оттаму можете да го разберете моето сфаќање на тајната на Христа, 5 која што во другите поколенија не им беше кажана на човечките синови, како што сега преку Духот им е откриена на Неговите свети апостоли и пророци: 6 дека народите се сонаследници и припадници на истото тело, и заедничари на Неговото ветување во Христа Исуса, преку Евангелието, 7 на кое му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми е дадена според дејството на Неговата сила. 8 На мене - најмалиот од сите свети - ми е дадена оваа благодат: да им го навестувам на народите Евангелието на неистражливото Христово богатство 9 и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога - Создателот на сè; 10 та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места, 11 според вечната намера, која ја оствари во Христа Исуса, нашиот Господ, 12 во Кого имаме смелост и пристап кон Бога, полни со доверба - преку верата во Него. 13 Затоа ве молам да не се обесхрабрувате заради моите неволји, што ме снајдоа заради вас; тие се ваша слава. 14 Заради тоа ги преклонувам своите колена пред Таткото на нашиот Господ Исус Христос, 15 од Кого секој род на небесата и на земјата добива име; 16 да ви даде, според богатството на Својата слава - да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, 17 та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: 18 за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, 19 и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота. 20 А на Оној, Кој со Својата сила, што дејствува во нас, може да направи прекумерно над сè што ние молиме или мислиме - 21 Нему нека е слава во Црквата и во Христа Исуса на сите поколенија од века до века! Амин!
1 Затоа ве молам, јас затвореник во Господа, да живеете достојно според звањето во кое сте повикани: 2 со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов! 3 Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот. 4 Едно тело и еден Дух, како што сте и вие повикани во една надеж на вашето звање; 5 еден Господ, една вера и едно крштавање; 6 еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, и преку сите и во сите. 7 А секому од нас му е дадена благодатта според мерката на Христовиот дар. 8 Затоа се вели: „Издигајќи се на височина, поведе робје; им даде дарови на луѓето.” 9 А „се издигна” - што значи друго, туку дека слегол во долните места на земјата? 10 Тој Кој слезе, тоа е Оној истиот, Кој се издигна над сите небеса, за да исполни сè. 11 И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, 12 за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, 13 додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: 14 за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди. 15 Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сè - кон Него, Кој е Глава, Христос. 16 Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов. 17 Ова го велам и сведочам во Господа, да не живеете веќе како што одат народите во суетата на својот ум, 18 помрачени во својот разум, оттуѓени се од Божјиот живот, заради незнаењето кое владее во нив, заради закоравеноста на нивното срце. 19 Откако го изгубија чувството, тие и се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост. 20 А вие не Го познавте така Христа, 21 ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса; 22 во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, 23 и да се обновувате во духот на својот ум, 24 и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината. 25 Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други! 26 Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, 27 и не давајте му место на ѓаволот! 28 Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба! 29 Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, - каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите. 30 И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! 31 Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба. 32 Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.
1 И така, угледајте се на Бога, како возљубени деца, 2 и одете во љубов, како што и Христос ве љубеше вас и Се предаде Себеси за нас, како принос и жртва на Бога за благопријатен мирис. 3 А блудството и секаква нечистота или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светите! 4 Ниту срамни и празни зборови, ниту смешки, што се неприлични, туку подобро благодарност! 5 Зашто, знајте го ова добро: ниеден блудник, ниеден нечист, ниеден лакомец - кој е идолопоклоник - нема наследство во Христовото и Божјото Царство! 6 Никој да не ве мами со празни зборови, зашто заради тие нешта доаѓа Божјиот гнев врз непокорните синови. 7 И така, не бидете нивни соучесници! 8 Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господа; живеете како деца на светлината, 9 а плодот на Духот се состои во секаква добрина, во праведност и во вистина! 10 Испитувајте што Му е угодно на Господа! 11 И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку подобро: прекорувајте ги! 12 Зашто е срамно да се зборува и за она што тие го вршат потајно. 13 А сè што се прекорува станува јавно преку светлината, зашто сè што станува јавно, светлина е. 14 Затоа се вели: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!” 15 И така, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри; 16 искупувајте го времето, зашто дните се зли! 17 Затоа не бидете неразумни, туку разберете што е Господова волја! 18 И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот! 19 Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца! 20 Благодарете Му секогаш за сè на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос! 21 Покорувајте се еден на друг во страв од Христа! 22 Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа, 23 зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос Глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото! 24 И како што Црквата Му се покорува на Христа, така да им бидат и жените покорни во сè на своите мажи. 25 Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа, 26 за да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото, 27 и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна. 28 Така и мажите се должни да ги љубат своите жени како своите тела. Кој ја љуби својата жена, се љуби себеси. 29 Зашто никој никогаш не го замразил своето тело. Но го храни и го стоплува како и Христос Црквата. 30 Зашто, ние сме членови на Неговото Тело - од Неговото месо и Неговите коски. 31 ”Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело.” 32 Оваа тајна е голема - а јас зборувам гледајќи на Христос и на Црквата. 33 И така, секој од вас да ја љуби својата жена како себеси, а жената да го почитува својот маж.
1 Деца, слушајте ги своите родители во Господа, зашто тоа е право. 2 ”Почитувај ги својот татко и мајка - тоа е првата заповед со ветување - 3 за да ти биде добро и за да живееш долго на земјата!” 4 А вие, татковци, не дразнете ги вашите деца, туку воспитувајте ги во науката и опомената на Господа. 5 Робови, слушајте ги вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на своето срце, како Христа! 6 Не служете само пред очите, како оние кои им угодуваат на луѓето, туку како Христови служители, кои од сета душа ја извршуваат Божјата волја! 7 Служете доброволно како на Господа, а не на луѓе, 8 знаејќи дека секој - роб или слободен - ако направи нешто добро, ќе го добие тоа од Господа! 9 А вие, господари, постапувајте исто така со нив, без закани, знаејќи дека нивниот и вашиот Господар е на небесата! И дека Тој не гледа кој е кој! 10 Најпосле, јакнете во Господа и во силата на Неговата моќ! 11 Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да им се спротивставите на измамите на ѓаволот. 12 Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места. 13 Затоа земете го сето Божјо оружје, за да можете да се браните во лош ден и откако ќе свршите сè, да се одржите! 14 И така, стојте цврсто! Препашани со вистината преку бедрата, облечени во оклопот на правдата, 15 обујте ги нозете со ревноста за Евангелието на мирот! 16 При сè тоа земете го штитот на верата, со кого ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на нечестивиот! 17 Земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот - кој е Божјото слово, 18 со секаква просба и молитва, молете се во Духот во секое време, и заради тоа бдејте со сето постојанство и со молба за сите свети 19 и за мене, да ми се даде слово кога ќе ја отворам устата, за да можам да ја соопштувам смело тајната на Евангелието, 20 за кое сум пратеник во окови: за да зборувам смело како што и треба да зборувам. 21 А за да знаете и вие сè за мене што работам и како сум, за сè ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа, 22 кого го праќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и за да ги утеши вашите срца. 23 Мир на браќата и љубов со вера од Бог Таткото и од Господа Исуса Христа! 24 Благодат со сите, кои беспрекорно Го љубат нашиот Господ Исус Христос!
1 Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите: 2 благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. 3 Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас; 4 непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост, 5 заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега. 6 Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса. 7 А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието. 8 Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса. 9 И затоа се молам вашата љубов да изобилува сè повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, 10 за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов, 11 исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога. 12 А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието, 13 така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа, 14 и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово. 15 Навистина, едни Го проповедаат Христа од завист и љубов кон препирки, а други од добра волја; 16 едни од љубов, знаејќи дека лежам во окови за одбрана на Евангелието, 17 а други Го навестуваат Христа од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови. 18 Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам, 19 зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување, 20 согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт. 21 Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка. 22 Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам. 23 Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро, 24 но заради вас е попотребно да останам во телото. 25 И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата. 26 И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас. 27 Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието, 28 и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога, 29 зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него, 30 имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене.
1 И така, ако има некаква утеха во Христа, ако има некакво охрабрување од љубов, ако има некаква заедница на Духот, ако има некакво внатрешно сочувство и сомилост, 2 исполнете ја мојата радост, и мислете исто имајќи ја истата љубов, еднодушни со мисли насочени кон едно. 3 Не правете ништо од натпреварување или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси! 4 Не гледајте секој само на своето, туку секој нека гледа на она што се однесува за другите. 5 Имајте ја во себе истата мисла, која беше и во Исуса Христа; 6 Кој, иако е во Божјо обличје, не го сметаше како грабнато - тоа што е еднаков со Бога, 7 туку се лиши Самиот Себе, и зеде обличје на слуга станувајќи сличен со луѓето. 8 И откако се најде во лик како човек, Тој се понизи Самиот Себе и стана послушен до смрт, дури и до смрт на крст. 9 Затоа и Бог Го превозвиши и Му подари име, што е над секое име, 10 и во Исусовото име да се поклони секое колено на оние: кои се на небото, и на земјата, и под земјата; 11 и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото. 12 Затоа, возљубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога сум при вас, туку уште повеќе сега, кога не сум при вас, изработувајте го своето спасение со страв и трепет. 13 Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја. 14 Правете сè без ропот и двоумење, 15 за да бидете беспрекорни и чисти, непорочни Божји чеда, среде опак и расипан род, меѓу кој светите како светила во светот, 16 држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот Ден, дека не трчав напразно и дека не се трудев напразно. 17 Но, ако се и излевам како налевница врз жртвата и службата на вашата вера, се радувам и се радувам со сите вас. 18 А исто така радувајте се и вие и радувајте се со мене. 19 Се надевам во Господа Исуса дека ќе ви го испратам скоро Тимотеј, та и јас да се утешам кога ќе научам како сте вие. 20 Зашто немам никого, кој е со иста душа како него, кој толку искрено ќе се грижи за вас, 21 зашто сите други го бараат своето, а не она што е на Христа Исуса. 22 Вие ја знаете неговата докажана верност, дека - како дете на таткото - со мене служеше во ширењето на Евангелието. 23 Така, се надевам дека ќе го испратам него, веднаш штом ќе разберам што ќе стане со мене. 24 А се надевам во Господа дека и јас самиот скоро ќе дојдам. 25 Сметав пак за потребно да ви го испратам Епафродит, својот брат и соработник и соборец - а ваш пратеник, кој и служи на мојата потреба; 26 зашто копнееше по сите вас и беше нажален зашто сте чуле дека бил болен. 27 Навистина беше болен близу до смртта, но Бог му се смилува, и не само нему, туку и мене, за да не ми дојде жал врз жал. 28 Затоа го испратив поскоро, да се зарадувате пак кога ќе го видите, и јас да бидам помалку нажален. 29 И така, примете го во Господа со секаква радост и почитувајте ги таквите, 30 зашто заради Христовото дело се најде близу до смртта, излагајќи го својот живот на опасност, за да го надомести, тоа што вие не можевте да ми услужите.
1 И така, браќа мои, радувајте се во Господа! Мене не ми е здодевно да ви пишувам исто, а вам ви служи за безбедност. 2 Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезание! 3 Зашто, ние сме вистинското обрезание; ние, кои служиме со Божјиот Дух и се фалиме во Христа Исуса, а не се надеваме во телото, 4 иако и јас можам да се доверам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тоа јас, уште повеќе: 5 обрезан сум во осмиот ден, од Израелевиот род сум, од Венијаминовото племе, Евреин од Евреите; по закон - фарисеј; 6 по ревност - гонител на Црквата; по правдата на Законот бев беспрекорен. 7 Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. 8 Во суштина, јас и сега сметам сè за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сè и сè сметам за отпад, за да Го придобијам Христа 9 и да се најдам во Него, немајќи своја правда, која доаѓа од Законот; туку по правдата, која доаѓа преку верата на Христа: правдата од Бога врз основа на верата, 10 за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт, 11 та некако да достигнам до воскресението од мртви. 12 Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе дојдов до совршенство - туку настојувам да го достигнам, зашто и мене Христос ме достигна. 13 Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав! 14 Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса. 15 И така, кои сме совршени мислиме вака; ако вие мислите и нешто поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа. 16 Но по она, до кое достигнавме, според истото правило и да бидеме едномислени! 17 Угледајте се на мене, браќа и гледајте на оние, кои одат онака, како што и вие имате пример во нас! 18 Зашто мнозина, за кои ви зборував многупати, а сега зборувам и со солзи одат како непријатели на крстот Христов. 19 Нивниот крај е погибел; нивниот бог е стомакот; нивната слава е во нивниот срам; тие мислат само на земното. 20 А нашето жителство е на небесата, од каде и Го очекуваме Спасителот, Господа Исуса Христа, 21 Кој ќе го преобрази нашето унизено тело, да се сообрази со Неговото славно тело, според дејствието на Неговата сила, со која може да покори сè под Себе.
1 Затоа, браќа мои возљубени и сакани, радост моја и венец, стојте така цврсто во Господа, возљубени! 2 Ја молам Еводија и ја молам Синтихија да бидат едномислени во Господа. 3 Да, те молам и тебе, верен другар, помагај им, зашто заедно со мене се трудеа во проповедањето на Евангелието, и со Климент, и со другите мои соработници, чии имиња се во Книгата на животот. 4 Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се! 5 Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу. 6 Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! 7 И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса. 8 Впрочем, браќа, сè што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа! 9 Она што го научивте, и примивте, и чувте, и видовте на мене - правете го тоа, и Бог на мирот ќе биде со вас! 10 Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика. 11 Не го зборувам тоа заради скудност, зашто научив да бидам задоволен со она во што сум. 12 Знам да живеам и во скудност, знам и во изобилство, научен сум на сè и во сешто: да бидам сит и да гладувам; да сум во изобилство и во скудност. 13 Сè можам преку Христа, Кој ми дава сила. 14 Туку добро направивте, што зедовте учество во моите неволји. 15 А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не беше со мене во давање и примање, освен единствено вие. 16 Вие ми испративте во Солун, еднаш и двапати, за моја потреба. 17 Не како да барам подарок, туку го барам плодот што се умножува на ваша сметка. 18 Примив сè и имам сè во изобилство. Полн сум откако примив од Епафродит што ми испративте - благопријатен мирис, жртва пријатна благоугодна на Бога. 19 А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство - во Христа Исуса. 20 А на нашиот Бог, и Татко, слава во сите векови Амин! 21 Поздравете го секој верник во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, кои се со мене. 22 Ве поздравуваат сите свети, а особено оние од Ќесаревиот дом. 23 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух Амин!
1 Павле, апостол на Исуса Христа преку Божјата волја и братот Тимотеј, 2 до светите и верни браќа во Христа, во Колос: благодат вам и мир од Бог нашиот Татко. 3 Му благодариме на Бог, и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас, 4 зашто чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта, која ја имате кон сите свети, 5 заради надежта која се чува за вас на небесата, за која чувте порано од вистинското слово на Евангелието, 6 кое дојде при вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте како и при вас, од оној ден кога го чувте и ја запознавте Божјата благодат во вистината, 7 како што го научивте од Епафрас, наш возљубен сотрудник во службата, кој е верен Христов служител за вас, 8 кој и нè извести за вашата љубов во Духот. 9 Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не прекратуваме да се молиме за вас и да просиме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, 10 така што да одите достојно за Господа и да Му бидете угодни во сè; за да бидете плодоносни во секое добро дело и за да растете во познавањето на Бога; 11 зајакнувајќи со секаква сила, сообразно со силата на Неговата слава, за секаква непоколебливост и трпение; со радост 12 да Му благодарите на Бога, Кој нè оспособи за учество во наследството на светите во светлината. 13 Тој нè избави од власта на темнината и нè пресели во Царството на Својот возљубен Син, 14 во Кого имаме откуп, преку Неговата крв; простување на гревовите. 15 Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание, 16 зашто во Него е создадено сè што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сè е создадено преку Него и за Него. 17 И Тој е пред сè и сè во Него има свое сплотување. 18 Тој е и Глава на Телото, на Црквата: Тој е почеток, Првороден од мртвите, за да биде Прв во сè, 19 зашто во Него благоволи да се всели сета полнота, 20 и преку Него да измири кон Себе сè што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст. 21 И вас, кои бевте некогаш отуѓени и непријатели, во своето мислење и во лошите дела, 22 сега ве измири преку смртта на Неговото човечко тело, за да ве изведе пред Себе: свети, непорочни и без вина, 23 само ако останете во верата засновани и цврсти и непоколебливи во надежта на Евангелието, кое го чувте, кое е проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител. 24 Сега се радувам во своите страдања за вас - и во моето тело го дополнувам тоа што им недостига на Христовите маки, за Неговото Тело, Кое е Црквата, 25 на која јас и станав служител, според Божјото управителство, што ми е дадено за вас, за да го исполнам Божјото слово: 26 тајната, која беше сокриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите свети, 27 на кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата. 28 Ние Го проповедаме Него, опоменувајќи го секој човек и учејќи го секој човек во сета мудрост, за да го претставиме секој човек совршен во Христа Исуса. 29 Затоа се трудам и се борам сообразно на Неговата делотворна сила, која дејствува силно во мене.
1 Имено, сакам да знаете колкава борба имам за вас, и за оние во Лаодикија, и за сите кои што не ме виделе лично, 2 за да се утешат нивните срца и соединети во љубовта да дојдат до сето богатство на полната уверност на разбирањето, до познавањето на тајната на Бога, и на Христа, 3 во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и на знаењето. 4 А ова го велам за да не ве измами некој со убедувачки зборови. 5 Зашто, иако сум отсутен во телото, во духот сум со вас; и се радувам гледајќи ги вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа. 6 И така, како што Го примивте Христа Исуса, Господа, така и да одете во Него: 7 вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што сте поучени, изобилувајќи во благодарноста. 8 Пазете да не ве зароби некој со философија и со суетна измама по човечко предание, според стихиите на светот, а не според Христа. 9 Зашто во Него живее сета полнота на Божеството, 10 и вие сте исполнети во Него, Кој е Глава на секое началство и власт. 11 Во Него сте и обрезани со неракотворно обрезание, со соблекување на гревовното тело, по обрезанието на Христа: 12 откако бевте погребани со Него во крштение, во кое и воскреснавте со Него преку верата во дејството на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. 13 Вас, кои бевте мртви во престапите и необрезанието на вашето тело, ве оживе заедно со Него; простувајќи ни ги сите наши престапи; 14 на тој начин што го избриша дејството, кое со своите одредби беше против нас; го отстрани од среде нас, приковувајќи го на крст; 15 и ги разоружа началствата и властите и јавно ги изложи, победувајќи над нив во тоа. 16 И така, никој да не ве осудува за јадење, или за пиење, или за некаков празник, или за млада месечина, или за саботи. 17 Тоа е само сенка на она што ќе дојде, а стварноста е Христос. 18 Никој да не ве лишува од наградата, сакајќи да го постигне тоа со понизност и служба на ангелите, впуштајќи се во она, што не го видел, дуејќи се напразно со својот телесен ум, 19 а не се држи за Главата, од Која целото Тело, поврзано и помогнато со зглобовите и врските, расте со растење, кое го дава Бог. 20 И така, ако сте умреле со Христос, за стихиите на светот, зошто позволувате да ви се определуваат прописи, како да живеете во светов: 21 ”Не фаќај! Не вкусувај! Не допирај!” 22 сè што пропаѓа со употреба - според човечките заповеди и учења; 23 сè ова изгледа мудрост, што се состои во самоволна побожност и понизност и во непоштедна строгост кон телото, а не во нешто чесно, туку само заради задоволување на телото.
1 И така, ако воскреснавте со Христа, барајте го она што е горе - каде што Христос седи оддесно на Бога. 2 Мислете за она што е горе, не за она што е на земјата, 3 зашто вие умревте и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога! 4 А кога ќе се јави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава. 5 И така, умртвете ги своите членови што се на земјата: блудството, нечистотата, страста, лошата желба и лакомството, што е идолопоклонство, 6 заради кои доаѓа Божјиот гнев на непослушните синови. 7 Меѓу кои и вие некогаш одевте, кога живеевте во нив. 8 Но сега, отфрлете го и вие сè ова: гневот, јароста, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста. 9 Не лажете се еден друг, зашто го соблековте стариот човек со неговите дела 10 и облековте нов, кој се обновува во полно познавање по образот на Оној, Кој го создал, 11 каде нема веќе Грк ни Јудеец, обрезание и необрезание, варварин, Скит, роб, слободен, туку Христос е сè и во сè. 12 И така, облечете се како Божји избраници, свети и возљубени, во милосрдно срце, благост, смиреност, кротост трпеливост! 13 Трпете се еден со друг и проштавајте си еден на друг, ако некој има поплака против некого, како што и Господ ви прости вам, така проштавајте и вие! 14 А над сето тоа облечете се во љубов, која сврзува сè во совршенство! 15 И Христовиот мир да владее во вашите срца, за кого сте и повикани во едно тело; и бидете благодарни! 16 Христовото слово да живее изобилно во вас; во секоја мудрост учете се и опоменувајте се еден друг со псалми, химни, духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодат во вашите срца. 17 И сè што правите со збор или дело, правете сè во името на Господа Исуса, благодарејќи Му на Бог Таткото преку Него. 18 Жени, покорувајте им се на своите мажи, како што прилега во Господа! 19 Мажи, љубете ги своите жени и не бидете груби кон нив. 20 Деца, слушајте ги вашите родители во сè, зашто тоа Му е угодно на Господа! 21 Татковци, не ги дразнете своите деца, за да не станат малодушни! 22 Робови, слушајте ги во сè своите земни господари, не за очите како оние, кои им угодуваат на луѓето, туку во простотата на срцето, боејќи се од Господа! 23 Што и да правите, правете го од душата како за Господа, а не за луѓе, 24 знаејќи дека од Господа ќе ја примите наградата на наследството. Служете Му на Господа Христа! 25 Зашто, кој прави неправда, ќе ја прими обратно неправдата, и не се гледа кој е кој.
1 Господари, правете им на робовите што е праведно и справедливо, знаејќи дека и вие имате Господар на небесата. 2 Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност! 3 Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови - 4 и да ја откријам онака, како што треба да зборувам. 5 Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето. 6 Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому. 7 За мене ќе ви рече сè Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа, 8 кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца, 9 заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука. 10 Ве поздравува Аристарх, мојот другар во темницата, и Марко, внукот Варнавин, за кого примивте упатства; ако дојде при вас примете го 11 и Исус, наречен Јуст. Од обрезаните овие се единствени, кои ми помагаат за Божјото Царство и кои ми беа утеха. 12 Ве поздравува вашиот сонародник Епафрас, слуга на Христа Исуса, кој секогаш се бори за вас во молитви, за да стоите совршени и наполно уверени во целата Божја волја. 13 Сведочам за него дека има голема ревност за вас, и за оние во Лаодикија, и за оние во Ерапол. 14 Ве поздравува возљубениот лекар Лука, и Димас. 15 Поздравете ги браќата во Лаодикија; и Нимфан и неговата домашна црква. 16 Кога ќе се прочита ова послание при вас, погрижете се да се прочита и во Лаодикијската црква! А она од Лаодикија, прочитајте го и вие! 17 Речете му на Архип: „Внимавај на службата, која си ја примил во Господа, да ја исполниш!” 18 Поздрав со мојата, Павлова рака. Спомнувајте си за моите окови. Благодат со вас!
1 Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунјаните, во Бог Таткото и Господа Исуса Христа, благодат вам и мир. 2 Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, кога ве спомнуваме во своите молитви, 3 зашто си спомнуваме постојано за делата на вашата вера, и за трудот на вашата љубов и за вашата трпелива надеж во нашиот Господ Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко. 4 Знаејќи, од Бога возљубени браќа, дека вие сте избрани; 5 зашто нашето проповедање меѓу вас не беше само со слово, туку и во сила, и во Светиот Дух, и во полна увереност; како што знаете какви бевме меѓу вас заради вас. 6 И вие се угледавте на нас и на Господа, примајќи го словото во голема неволја, со радоста на Светиот Дух, 7 така што им станавте пример на сите верници во Македонија и Ахаја. 8 Зашто, од вас Господовото слово се разгласи не само во Македонија и Ахаја, туку вашата вера во Бога се расшири во секое место, така што нема потреба ние да зборуваме нешто. 9 Имено, самите раскажуваат за нас, каков пристап имавме кон вас и како се обрнавте кон Бога од идолите, за да Му служите на живиот и вистински Бог 10 и да Го чекате Неговиот Син од небесата, Кого Го воскресна од мртвите, Исуса, Кој нè ослободува од гневот што доаѓа.
1 Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кон вас не беше напразно. 2 Напротив, иако порано пострадавме и бевме хулени во Филипи, како што веќе знаете, бевме смели во нашиот Бог, да ви го проповедаме Божјото Евангелие среде голема борба. 3 Зашто нашето бодрење не беше од заблуда ни од нечистота, ниту со измама, 4 туку како што Бог нè испита да ни го довери Евангелието, така зборуваме не угодувајќи им на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува нашите срца. 5 Зашто, како што знаете никогаш не настапивме со ласкави зборови ниту со притаено лакомство. Бог е сведок за тоа. 6 Ниту баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите, иако можевме да настапиме со важност како Христови апостоли. 7 Напротив, бевме благи меѓу вас, како доилката, која топло ги негува своите деца, 8 така, полни со љубов кон вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие, туку и своите души, зашто ни станавте мили. 9 Затоа, браќа, вие ги помните нашиот труд и мака: работејќи ноќе и дење, за да не му паднеме на терет на некој од вас, додека го проповедувавме Божјото Евангелие. 10 Вие сте сведоци и Бог, како свето, праведно и беспрекорно се однесувавме кон вас, кои верувате. 11 Како што знаете, ние секого од вас поединечно, како татко своите деца, го бодревме и советувавме, и ви сведочевме 12 да живеете достојно за Бога, Кој ве повикува во Своето Царство и слава. 13 И затоа и ние Му благодариме на Бога постојано зашто, примајќи го Божјото слово, што сте го чуле од нас, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово - какво е навистина - кое и дејствува во вас, кои верувате. 14 Зашто, вие браќа, се угледавте на Божјите цркви, кои се во Христа Исуса во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Јудејците, 15 од оние, кои Го убија Господа Исуса, и пророците, а нас нè изгонија; кои не Му угодуваат на Бога, кои им се противат на сите луѓе; 16 кои ни бранат да им зборуваме на народите, за да се спасат, така ги дополнуваат своите гревови секогаш. Но најпосле Божјиот гнев дојде на нив! 17 А ние, браќа, кога останавме без вас со лицето, а не со срцето, настојувавме уште повеќе, со голем копнеж, да го видиме вашето лице. 18 Затоа сакавме да дојдеме при вас; и јас Павле не само еднаш, туку двапати, но сатаната нè спречи. 19 Зашто, кој е наша надеж, или радост, или венец, за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање? 20 Да, вие сте наша слава и наша радост.
1 Бидејќи не можевме веќе да го трпиме тоа, најдовме за добро да останеме сами во Атина, 2 а Тимотеј, нашиот брат и Божјиот соработник во Евангелието на Христа, го испративме, за да ве зацврсти и охрабри во вашата вера, 3 за да не се поколеба никој во овие маки; зашто сами знаете дека за тоа сме определени, 4 зашто кога бевме при вас, однапред ви зборувавме дека ќе трпиме маки, и како што знаете така и беше. 5 Затоа јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да научам за вашата вера, да не би ве искушал искушувачот и да не биде напразен нашиот труд. 6 А сега, откако ни дојде Тимотеј од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека имате секогаш добар спомен за нас и дека копнеете да нè видите, како и ние вас, 7 затоа, браќа, се утешивме за вас поради вашата вера во сета своја потреба и неволја; 8 зашто ние живееме сега, кога вие стоите цврсто во Господа. 9 Зашто, каква благодарност можеме да Му воздадеме на Бога за вас, за сета радост со која се радувавме поради вас пред својот Бог? 10 Ноќе и дење се молиме најусрдно да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа, што и недостига на вашата вера. 11 А Самиот Бог и нашиот Татко, и нашиот Господ Исус Христос да го управи нашиот пат кон вас! 12 А Господ да направи вие да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, како што и ние ја имаме кон вас, 13 за да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Свои свети.
1 Најпосле, браќа, бараме и ве опоменуваме во Господа Исуса, да изобилувате повеќе во она што го примивте од нас, како треба да живеете и да Му угодувате на Бога, како што и успевате во тоа. 2 Имено, знаете какви наредби ви дадовме во името на Господа Исуса. 3 Зашто, ова е Божјата волја, вашето осветување, да се воздржувате од блудство, 4 секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест, 5 не во похотна страст, како народите кои не Го познаваат Бога; 6 да не престапува и го измамува својот брат во тоа, зашто за сè тоа Господ е Одмаздувач, како што ви рековме и сведочевме порано. 7 Имено, Бог не нè призва на нечистота, туку на осветување. 8 Затоа, кој го отфрла тоа, не го отфрла човекот, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свети Дух. 9 А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто Самиот Бог ве научи да се љубите еден друг, 10 а вие го правите тоа кон сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе 11 и да настојувате усрдно да живеете тихо, да ги гледате своите работи и да работите со своите раце, како што ви наредивме, 12 за да се однесувате благоприлично кон оние, надворешните и да немате потреба од ништо. За Христовото доаѓање 13 Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж. 14 Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него. 15 Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; 16 зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. 17 Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа. 18 Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.
1 А што се однесува за времињата и настаните, браќа, немате потреба да ви се пишува; 2 зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќта. 3 Кога ќе речат: мир и безбедност, тогаш ненадејно ќе падне погибел на нив, како болка на трудна жена, и не ќе и избегаат. 4 Но вие, браќа, не сте во темнина - та Денот да ве затече како крадец; 5 зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот. Не и припаѓаме на ноќта, ниту на темнината; 6 и така, да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени; 7 зашто оние кои спијат, спијат ноќе и кои се опиваат, ноќе се опиваат. 8 А ние, кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени, да се облечеме во оклоп на вера и љубов, и со надежта на спасение како кацига, 9 зашто Бог не нè определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, 10 Кој умре за нас за да живееме заедно со Него, било да сме будни или да спиеме. 11 Затоа утешувајте се меѓусебно и надградувајте се еден друг како што и правите! 12 Ве молиме, браќа, да им дадете признание на оние, кои се трудат меѓу вас, како ваши душогрижници во Господа, и ве опоменуваат. 13 Ценете ги над сè во љубов, заради нивното дело. Живејте во мир помеѓу себе. 14 Ве молиме уште, браќа, поучувајте ги неуредните, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите, бидете трпеливи со сите. 15 Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш одете по она што е добро меѓу себе и кон сите! 16 Радувајте се секогаш! 17 Молете постојано! 18 Благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христа Исуса! 19 Не гаснете го Духот! 20 Не презирајте ги пророштвата, 21 испитувајте сè, задржувајте го доброто. 22 Воздржувајте се од секоја појава на зло! 23 А Самиот Бог на мирот да ве освети наполно! И вашиот дух, и душата, и телото да се запазат беспрекорно при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! 24 Верен е Оној, Кој ве повикува и Кој и ќе го направи тоа. 25 Браќа, молете и за нас! 26 Поздравете ги сите браќа со свет целив! 27 Ве заколнувам во Господа, ова писмо да им го прочитате на сите браќа. 28 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас. Амин!
1 Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунјаните во Бог, нашиот Татко, и Господа Исуса Христа: 2 Благодат вам и мир од Бог нашиот Татко и Господа Исуса Христа. 3 Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, како што е право, зашто вашата вера расте многу; и се умножува меѓусебната љубов на секој од вас, 4 така што ние сами се фалиме со вас меѓу Божјите цркви заради вашето трпение и верата во сите ваши гонења и маки, што ги поднесувате. 5 Тоа е знак на праведниот Божји суд, за да се сметате достојни за Божјото Царство, за кое и страдате. 6 Зашто е праведно пред Бога: да им врати мака на оние кои ве измачуваат, 7 а вам, на измачуваните, олеснување заедно со нас, кога ќе се јави Господ Исус од небото, со ангелите на Својата сила, 8 во пламенен оган, за да даде одмазда на оние кои не Го познаваат Бога и кои не му се послушни на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос; 9 кои ќе бидат казнети со вечна пропаст далеку од лицето на Господа и од славата на Неговата сила, 10 кога ќе дојде, во оној Ден, да се прослави во Своите свети и да Му се восхитуваат сите верни, зашто вие му поверувавте на нашето сведоштво. 11 Затоа и се молиме секогаш за вас: нашиот Бог да ве смета достојни на звањето, и да ја исполни секоја добра волја во добрина и делото на вашата вера во сила, 12 за да се прослави името на нашиот Господ Исус, во вас, и вие во Него, по благодатта на нашиот Бог и Господ Исус Христос.
1 Ве молиме, браќа, во однос на доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и за нашето собирање заедно при Него, 2 не дозволувајте брзо да се поколебате во разумноста, ниту да се исплашите ни од дух, ни од слово, ни од послание, како да е од нас испратено, како веќе да настапил Господовиот Ден! 3 Никој да не ве измами ниту по каков начин, зашто тоа не ќе се случи додека првин не дојде отпаѓањето и не се појави човекот на беззаконието, синот на погибелта, 4 кој се противи и се воздига над сè што се наречува Бог или светина, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог. 5 Не помните ли дека ви го зборував ова уште кога бев кај вас? 6 И сега знаете што го задржува за да се појави тој допрва во свое време. 7 Зашто, тајната на беззаконието веќе дејствува, само да се отстрани од средината оној, кој сега ја задржува 8 и тогаш ќе се јави беззаконикот кого Господ ќе го убие со здивот на Својата уста и ќе го уништи со појавата на Своето доаѓање. 9 Тоа е оној, чие доаѓање е според сатанското дејствување, со секаква сила, и со чудесни знаци и со лажни чуда, 10 и со секаква неправедна измама, за оние кои загинуваат, зашто не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат. 11 И затоа Бог ќе им испрати заблудна дејност за да и веруваат на лагата, 12 та да бидат осудени сите, кои не поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправдата. 13 А ние сме должни секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, од Господ возљубени, зашто Бог ве избра од почеток за спасение, преку осветувањето на Духот и вера во вистината, 14 на кое ве призва преку нашето Евангелие, за да ја добиете славата на нашиот Господ Исус Христос. 15 Тогаш, браќа, стојте цврсто и држете ги преданијата што ги научивте од нас, било преку слово или преку наше послание. 16 А Самиот Господ наш Исус Христос и Бог нашиот Татко, Кој нè возљуби нас и ни даде вечна утеха и добра надеж по благодатта 17 да ги утеши вашите срца и да ве утврди во секое добро дело и слово!
1 Најпосле, браќа, молете се за нас, та Господовото слово да трча и да се прославува како и при вас, 2 и ние да се ослободиме од расипани и зли луѓе, зашто сите немаат вера. 3 Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и ќе ве запази од лукавиот. 4 Уверени сме во Господа, за вас, дека го правите и дека ќе го правите она што ви го заповедаме. 5 А Господ да ги управи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение! 6 А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието, што го примивте од нас. 7 Навистина, сами знаете како треба да се угледате на нас, зашто ние не се владеевме неуредно меѓу вас, 8 ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на терет некому од вас. 9 Не затоа што немавме право на тоа, туку за да бидеме самите себе за пример за да нè подражавате. 10 Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде! 11 Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи. 12 На таквите им заповедаме и ги опоменуваме во Господа Исуса Христа да работат мирно и да го јадат својот леб. 13 А на вас, браќа, да не ви се досади да правите добро! 14 Ако пак некој не го послуша нашето слово преку посланието, означете го и не се мешајте со него, за да се засрами. 15 Но не го сметајте за непријател, туку предупредувајте го како брат. 16 А Самиот Господ на мирот да ви даде мир секогаш и на секаков начин. Господ да биде со сите вас! 17 Поздрав со мојата рака, Павлова: тоа е белег во секое послание, пишувам така: 18 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас.
1 Павле, апостол на Христа Исуса по повелбата на Бога, нашиот Спасител, и на Христа Исуса, нашата надеж, 2 до Тимотеј, вистинското чедо во верата: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ. 3 Како што те молев, кога одев во Македонија, да останеш во Ефес, за да им заповедаш на некои да не поучуваат поинаку 4 и да не обрнуваат внимание на митови и бескрајни родословија, кои повеќе ги поттикнуваат препирањата, отколку поткрепата на Божјата управа, која е по верата. 5 А целта на наредбата е: љубов од чисто срце, и добра совест и нелицемерна вера, 6 од што некои откако не ја постигнаа целта, застранија во празни зборови - 7 сакајќи да бидат учители на Законот, иако не го разбираат ни она што го зборуваат, ни она што го тврдат упорно. 8 Ние пак знаеме дека Законот е добар, ако некој го применува законски, 9 знаејќи го ова: дека законот не е воспоставен за праведникот, туку за беззакониците и непокорните, за безбожниците и грешниците, за несветите и нечистите, за убијците на татковци и убијците на мајки; за оние кои убиваат луѓе; 10 за блудниците - и за мажи кои се полово изопачени, за трговците со робови, за лажливците, за лажнозаколнувачите и за сè друго што и е противно на здравата наука, 11 според славното Евангелие на блажениот Бог, кое ми е доверено мене. 12 Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сила за тоа, зашто ме сметаше верен и ме постави на служба, 13 мене, кој порано бев хулител, и гонител, и насилник. Но добив милост, зашто го правев тоа од незнаење и неверување. 14 А благодатта на нашиот Господ, со верата и љубовта изобилуваше во Христа Исуса. 15 Верно е словото и достојно - за полно примање: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, од кои сум прв јас. 16 А добив милост токму затоа, за да ја покаже Христос Исус, прво во мене, сета своја трпеливост, за пример на оние, кои ќе веруваат во Него за вечен живот. 17 На Царот на вековите - бесмртниот, невидливиот, единствениот Бог - чест и слава во сите векови Амин! 18 Оваа заповед ти ја предавам, чедо Тимотеј, согласно поранешните пророштва за тебе: за да војуваш добра војна, 19 имајќи вера и добра совест, кои некои ја отфрлија и претрпеа бродолом на верата. 20 Меѓу нив се Именеј и Александар, кои ги предадов на сатаната, за да научат да не хулат.
1 Така, пред сè да се прават просби, молитви, молби, благодарности за сите луѓе, 2 за царевите и за сите кои се на власт, за да можеме да проживееме тих и мирен живот во сета побожност и чесност. 3 Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, 4 Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. 5 Зашто Бог е Еден , и Еден е Посредникот меѓу Бога и луѓето: Човекот Христос Исус, 6 Кој се даде Себеси како откуп за сите, за сведоштво во вистинско време; 7 за кое јас бев поставен за проповедник и апостол - вистина велам, не лажам - за учител на народите во верата и вистината. 8 И така, сакам мажите да се молат на секое место, подигајќи ги светите раце без гнев и препирка. 9 Исто така и жените да се украсуваат во пристојна облека, скромно и претпазливо, не со плетенки и злато, или со бисери или со скапоцени облеки, 10 туку со добри дела, како што им прилега на жените, кои исповедуваат дека се побожни. 11 Жената да се учи во тишина и во секаква покорност! 12 А на жената не и дозволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна. 13 Зашто, прво беше создаден Адам, потоа Ева. 14 И Адам не беше измамен, туку жената беше измамена, и падна во престап. 15 Но таа ќе биде сочувана со раѓање на деца; ако останат во верата и љубовта и во светоста со умереност.
1 Верно е словото: кој ревнува за епископство, добра служба посакува. 2 Според тоа, епископот треба да биде: непорочен, маж на една жена, трезвен, разумен, пристоен, гостољубив, способен за поучување; 3 не пијаница, не жесток, не лаком, туку благороден, не наклонет на препирка, не среброљубец, 4 кој управува добро со својот дом и има покорни деца со сета честитост, 5 зашто ако не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјата црква? - 6 Да не е новообратен, за да не се возгордее и да падне во осудата на ѓаволот! 7 А треба да има и добро сведоштво и од надворешните, за да не падне во прекорување и во стапица на ѓаволот. 8 Исто така, ѓаконите треба да бидат чесни, не двојазични, да не сакаат многу вино, не лакоми на срамна печалба - 9 кои ја пазат тајната на верата со чиста совест. 10 И тие прво да бидат испитани, и после да ја вршат службата ако се непорочни. 11 Исто така жените нивни треба да бидат чесни, да не клеветат; трезвени и верни во сè. 12 Ѓаконите да бидат мажи на една жена, кои управуваат добро со своите деца и со своите домови, 13 зашто оние, кои ја извршиле добро својата служба добиваат чесна положба и голема смелост во верата во Христа Исуса. 14 Ова ти го пишувам надевајќи се дека скоро ќе дојдам при тебе; 15 но во случај да се подзабавам, да знаеш како да се однесуваш во Божјиот Дом, кој е црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината. 16 И по општо признание, голема е тајната на побожноста: Оној, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, им се покажа на ангелите, беше најавуван меѓу народите, поверуван во светот, беше вознесен во слава.
1 А Духот јасно вели дека во подоцнежните времиња некои ќе отстапат од верата и ќе слушаат измамливи духови и ѓаволски учења, 2 преку лицемерството на лажливците, кои се жигосани во својата совест, 3 кои забрануваат стапување во брак и бараат воздржување од јадењата, што Бог ги создаде за да ги земаат со благодарност верните, кои ја познаа вистината. 4 Зашто секое Божјо создание е добро, и ништо не треба да биде отфрлено, ако се прима со благодарност, 5 зашто се осветува преку Божјото слово и молитвата. 6 Ако ги советуваш во ова браќата, ќе бидеш добар служител на Христа Исуса, кој се храни со зборовите на верата и на добрата наука, што ја следиш. 7 А избегнувај од нечисти и бабешки приказни! Туку обучувај се во побожност! 8 Зашто телесната обука е малку полезна, а побожноста е полезна за сè, зашто има ветување за сегашниот и идниот живот. 9 Тоа е вистинско слово и достојно за полно примање. 10 Имено, затоа ние се трудиме и се бориме, зашто се надеваме во живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, особено на верните. 11 Наложувај го и учи го ова! 12 Никој да не те презира заради твојата младост! Туку, биди им пример на верните во словото, во поведението, во љубовта, во верата, во чистотата! 13 Додека дојдам внимавај на читањето, на опоменувањето и на поучувањето! 14 Не занемарувај ја дарбата која е во тебе, која ти е дадена преку пророштво, со ракополагањето на старешините. 15 Исполнувај го тоа, биди во тоа, и твојот напредок да им биде видлив на сите! 16 Внимавај на себеси и на учењето! Истрај во тоа, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат.
1 Не укорувај строго постар човек, туку опоменувај го како татко, помладите како браќа, 2 постарите жени како мајки, помладите како сестри со секаква чистота. 3 Почитувај ги вдовиците, кои се вистински вдовици. 4 Ако некоја вдовица има деца или внучиња, тие нека научат прво да покажат побожност кон своето семејство, и да им враќаат на своите родители, зашто тоа е добро и угодно пред Бога. 5 А која е вистинска вдовица и останала сама, таа ја ставила својата надеж во Бога и е постојана деноноќно во просби и молитви. 6 А онаа која живее сладострасно, жива е умрена. 7 Пренеси го и ова: да бидат непорочни. 8 Ако некој не се грижи за своите, особено за домашните, се одрекол од верата и е полош од оној кој не верува. 9 Во вдовичкиот список да се запишува таква вдовица, која не е помлада од шеесет години, која била жена на еден маж, 10 која има сведоштво за добри дела; ако ги одгледала децата, ако била гостољубива, ако им ги миела нозете на светите, ако им помагала на страдалниците; и ако одела по секое добро дело. 11 А помлади вдовици не примај, зашто кога ќе ги привлече насладата, спротивно на Христа, сакаат да се мажат, 12 со што навлекуваат врз себе осуда, зашто отстапиле од првото убедување. 13 А освен тоа, бидејќи се без работа, свикнуваат да одат по куќите. И не само без работа, туку се и зборлести и љубопитни, и зборуваат што не треба. 14 И така, сакам младите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да водат домаќинство, за да не му даваат на противникот никаков повод за хулење. 15 Имено, некои веќе застраниле и тргнале по сатаната. 16 Ако некој верен или верна има вдовици, нека ги помага, и нека не биде оптеретувана црквата, за да може да им помага на оние кои се вистински вдовици. 17 На старешините, кои управуваат добро, треба да им се укажува двојна чест, особено на оние кои се трудат во словото и поучуваат. 18 Зашто Писмото вели: „Не заврзувај му ја устата на волот што врши!” и „Работникот ја заслужува својата плата.” 19 Не примај обвинение против старешина, освен по изјава на двајца или тројца сведоци. 20 Оние кои грешат изобличи ги пред сите, за да имаат и другите страв. 21 И те заколнувам пред Бога, и пред Христа Исуса, и пред избраните ангели, да го пазиш ова без предрасуди и да не правиш ништо по пристрасност! 22 Не полагај раце пребрзо на никого, не учествувај во туѓи гревови! Пази се чист себеси! 23 Не пиј веќе само вода, туку земај по малку вино, заради твојот желудник и честите боледувања. 24 Гревовите на некои луѓе се видливи и одат на суд пред нив, а на некои одат по нив. 25 Исто така и добрите дела се видливи, а и кои не се, не можат да се скријат.
1 Робовите, кои се подјармени, да ги сметаат своите господари достојни за секаква почест, за да не се хули Божјото име и науката. 2 А оние кои имаат верни господари, да не ги презираат, затоа што се браќа, туку да им служат подобро, зашто оние кои се ползуваат од нивните услуги се верни и возљубени браќа! Така поучувај и проповедај! 3 Ако некој поучува инаку и не ги следи здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и на науката на побожноста, 4 тој е надуен и не знае ништо, туку боледува од желба за распрашувања и препирки од кои произлегуваат: зависта, расправиите, хулењата, лукавите сомневања, 5 празни препирки меѓу луѓето со изопачен ум и лишени од вистината, кои мислат дека побожноста е средство за печалба. 6 Побожноста и е голема печалба кога е здружена со чувство на задоволство. 7 Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто. 8 А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа! 9 А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение, во стапица и во многу неразумни и штетни желби, што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел, 10 зашто среброљубието е корен на секакви зла; некои му се предадоа, се отстранија од верата и се прободија себеси со многу болки. 11 А ти, Божји човеку, бегај од сè тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост! 12 Бори се во добрата борба на верата, зграби го вечниот живот, за кој си повикан, и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци! 13 Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сè и пред Христа Исуса, Кој пред Понтие Пилат ја посведочи добрата исповед, 14 да ја пазиш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос, 15 кое - во свое време, ќе Го открие блажениот и единствениот Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите; 16 Кој единствено има бесмртност, живеејќи во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин! 17 Заповедај им на богатите на овој свет да не бидат горделиви и да не се надеваат на непостојаното богатство, туку во живиот Бог, Кој ни дава изобилно сè за наслада, 18 да прават добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи и заедничари; 19 да собираат за себе благо како основа за иднината, за да зграбат вистински живот. 20 О Тимотеје, пази го она што ти е доверено, и отстранувај се од нечистите и празните разговори и спротивставувањата на лажно нареченото познавање, 21 за кое некои се држат и така се отклонија од верата. Благодат со тебе. Амин!
1 Павле, апостол на Христа Исуса по Божја волја, според ветениот живот во Христа Исуса, 2 до Тимотеј, возљубеното чедо: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ. 3 Му благодарам на Бога Кому Му служам уште од моите прародители со чиста совест, спомнувајќи те постојано - ноќе и дење - во своите молитви; 4 а кога ќе си спомнам за твоите солзи, копнеам да те видам, да се исполнам со радост; 5 кога си спомнувам за нелицемерната вера која е во тебе, која прво се наоѓаше во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а уверен сум и во тебе. 6 Затоа ти напомнувам да го разгориш Божјиот дар, кој е во тебе преку возлагањето на моите раце. 7 Зашто Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и себевладеење. 8 И така, не се срамувај од сведоштвото за нашиот Господ и од мене, затвореникот за Него, туку страдај и ти со мене за Евангелието, според силата на Бога, 9 Кој нè спаси и нè повика со свет повик, не според нашите дела туку по сопствена одлука и благодат, која ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња, 10 а која сега се откри преку јавувањето на нашиот Спасител Христос Исус, Кој ја уништи смртта и ги осветли животот и бесмртноста преку Евангелието, 11 за кое јас сум поставен како проповедник, и апостол, и учител. 12 Заради тоа и го трпам сè ова, но не се срамам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој може да го запази она што Му го доверив, до оној Ден. 13 Држи се за образецот на здравите зборови што си ги чул од мене во верата и љубовта која е во Христа Исуса! 14 Запази го доброто што ти е доверено преку Светиот Дух, Кој живее во нас. 15 Ти го знаеш тоа, дека во Азија сите се одвратија од мене, меѓу кои се Фигел и Ермоген. 16 Господ да му даде милост на Онисофоровиот дом, зашто повеќе пати ме охрабруваше и не се засрами од моите окови, 17 туку, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде. 18 Господ да му даде да најде милост пред Господа во оној Ден! И како сè ми услужи во Ефес, ти најдобро го знаеш тоа.
1 И така, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христа Исуса! 2 И што си чул од мене, пред многу сведоци, довери им го на поверливите луѓе, кои ќе бидат способни да ги поучуваат и другите! 3 Поднесувај ги со мене страдањата, како добар војник на Христа Исуса! 4 Никој, кој е во воена служба, не се заплетува во работите на овој живот, за да му угоди на оној кој го повикал во војската. 5 Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува прописно. 6 Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите. 7 Разбери што зборувам, Господ ќе ти даде да разбереш сè. 8 Помни Го Исуса Христа, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие, 9 за кое страдам сè до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано. 10 Заради тоа издржувам сè заради избраните, та и тие да добијат спасение со вечна слава во Христа Исуса. 11 Веродостојно е словото: „Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме; 12 Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас; 13 ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се одрече.” 14 Ова напомнувај го, заколнувај ги пред Бога, да не се препираат околу зборови, тоа е неполезно, туку е за пропаст на слушателите. 15 Труди се грижливо, за да се покажеш себеси достоен пред Бога како работник, кој не треба да се срамува, кој правилно го проповеда словото на вистината! 16 А отстранувај се од непристојни и празни зборови, зашто таквите сè повеќе ќе напредуваат во безбожност, 17 а нивното слово ќе разјадува како рак; од кои се Именеј и Филет, 18 кои се оддалечија од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе станало и со тоа ја рушат верата на некои. 19 Сепак цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: „Господ познава кои се Негови” и „Да отстапи од неправдата секој, кој Го именува Господовото име!” 20 А во голем дом има не само златни и сребрени садови туку и дрвени и земјани. Едните се за благородна, а другите за неблагородна употреба. 21 И така, ако некој се очисти од овие, ќе биде сад за чесна употреба, осветен, полезен на домаќинот и приготвен за секое добро дело. 22 Бегај од младински желби! Стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце. 23 А отфрли ги безумните и неразумните распрашувања, знаејќи дека раѓаат борби! 24 А Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде кроток кон сите, способен да поучува и да трпи; 25 да ги воспитува со кротост оние кои се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за полно познавање на вистината, 26 за да се отрезнат од мрежата на ѓаволот, кој ги заробил за да ја исполнуваат неговата волја.
1 А ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња, 2 зашто луѓето ќе бидат саможиви, среброљупци, самофалци, горделиви, хулители; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети; 3 без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржани, жестоки, непријатели на доброто, 4 предавници, избувливи, надуени, повеќе сластољубиви, а не богољубиви, 5 кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се и од нив! 6 Зашто од нив се оние кои се вовлекуваат во куќите и ги измамуваат простите жени натоварени со гревови, кои се водени од различни страсти, 7 кои учат секогаш, а никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. 8 И како што Јаниј и Јамвриј му се спротивија на Мојсеј, така и овие и се противат на вистината, луѓе со изопачен ум, отфрлени во обѕир на верата. 9 Но нема да напредуваат веќе, зашто нивното безумие ќе се открие пред сите, како што се откри и на оние двајца. 10 А ти го следеше моето учење, начинот на живеење, замислата, верата, долготрпението, љубовта, трпението, 11 гонењата, страдањата што ми се случија во Антиохија, Иконија и Листра. Какви гонења претрпев, и Господ ме избави од сите! 12 А и сите кои сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети, 13 додека злите луѓе и измамниците ќе напредуваат во злото, измамувајќи и бивајќи измамени. 14 А ти остани во она што си го научил и во што си убеден, зашто знаеш од кого си го научил и 15 зашто од детството ги познаваш Светите Писма, кои можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса. 16 Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата, 17 за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело.
1 Те заколнувам пред Бога и Христа Исуса, Кој е готов да им суди на живите и мртвите, со Неговото јавување и Неговото Царство: 2 проповедај го словото, настојувај во време и во невреме, изобличувај, прекорувај, охрабрувај со сета трпеливост и со поука. 3 Зашто ќе дојде време, кога луѓето не ќе ја трпат здравата наука, туку според своите страсти ќе си насоберат учители,за да им ги скокоткаат ушите, 4 и ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон бајки. 5 А ти биди трезвен во сè, трпи го страдањето, врши ја работата на евангелист, исполнувај ја својата служба до крај. 6 Зашто јас веќе сум излеан како жртва налевница, и времето на моето заминување настапи. 7 Извојував добра борба, го завршив трчањето, ја запазив верата. 8 Отсега натаму ми е подготвен венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној Ден Господ, Праведниот Судија, и не само мене, туку и на сите, кои го возљубија Неговото јавување. 9 Погрижи се да дојдеш скоро при мене, 10 зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет и отиде во Солун; Крискент отиде во Галатија, Тит во Далмација. 11 Само Лука е при мене. Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е полезен за службата. 12 Тихик го пратив во Ефес. 13 Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката, што ја оставив во Троада при Карпа, и книгите, особено пергаментните! 14 Ковачот Александар ми направи многу зло; Господ ќе му плати според неговите дела. 15 И ти пази се од него, зашто им се противеше многу на нашите зборови. 16 При мојата прва одбрана никој не беше со мене, туку сите ме оставија; нека не им се засмета тоа! 17 Но Господ застана со мене, и ми даде сила, за да се исполни проповедувањето преку мене, и да чујат сите народи; и се избавив од лавовска уста. 18 Господ ќе ме избави од секое зло дело и ќе ме запази за Своето Небесно Царство. Нему слава за вечни векови. Амин! 19 Поздрави ги Прискила и Акила и Онисифоровиот дом! 20 Ераст остана во Коринт, а Трофим го оставив болен во Милет. 21 Погрижи се да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Еувул, Пуд, Лин, Клаудија, и сите браќа. 22 Господ Исус Христос да биде со твојот дух! Благодатта да биде со вас Амин!
1 Павле, Божјиот слуга и апостол на Исуса Христа, според верата на Божјите избраници и познавањето на вистината, која е според побожноста, 2 во надежта за вечен живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже, 3 а во свое време го јави Своето Слово преку прогласувањето, што ми е доверено мене според заповедта на Бога, нашиот Спасител - до Тит, вистинското чедо на заедничката вера: 4 благодат, милост и мир од Бог Таткото и Господа Исуса Христа, нашиот Спасител. 5 Затоа те оставив на Крит, за да го средиш несвршеното и за да поставиш старешини по сите градови, како што ти наредив: 6 ако е некој непорочен, маж на една жена, ако има деца кои веруваат, кои не се обвинети заради разузданост или непокорност; 7 зашто епископот како Божји домоуправител треба да биде непорочен: не самољубив, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за срамна печалба, 8 туку гостољубив, пријател на доброто, разумен, праведен, благочестив, воздржлив, 9 кој се држи цврсто за верното слово, согласно со науката, за да може и да опоменува во здравата наука и да ги изобличува оние кои се противат. 10 Имено, има многу непокорни, празнословци и измамници, особено од обрезаните, 11 на кои треба да им се затвори устата, зашто тие заради срамна печалба растураат цели домови, учејќи го она што не треба. 12 Еден од нив, нивен сопствен пророк, има речено: „Критјаните се секогаш лажливи, зли ѕверови, мрзливи трбуси!” 13 Ова сведоштво е вистинско. Затоа изобличи ги строго, за да бидат здрави во верата, 14 за да не им обрнуваат внимание на јудејските бајки и заповедите на луѓето кои се одвраќаат од вистината. 15 За чистите сè е чисто; а за оние кои се нечисти и кои не веруваат, ништо не е чисто, туку им се онечистени и разумот и совеста. 16 Исповедуваат дека Го познаваат Бога, но Го одречуваат со делата, како одвратни и непослушни и неподобни за какво и да е добро дело.
1 А ти говори за она што се сложува со здравата наука: 2 старците да бидат трезвени, чесни, разумни, здрави во верата, во љубовта, во трпението; 3 исто така постарите жени да се владеат како што доликува на свети, да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, туку да бидат учителки за доброто, 4 за да ги учат младите жени да ги љубат своите мажи и своите деца, 5 да бидат разумни, чисти, добри домаќинки, покорни на своите мажи, за да не се хули Божјото Слово. 6 Исто така, опоменувај ги младите да бидат здраворазумни, 7 давајќи се во сè себеси како пример за добри дела, во науката - нерасипаност, достоинство, 8 здраво и беспрекорно слово, за да се засрами секој противник, немајќи што да каже лошо за нас. 9 Опоменувај ги робовите за да им се покоруваат на своите господари, да настојуваат да им угодат, да не им противречат, 10 да не поткрадуваат, туку да ја покажат својата добра верност, та да ја украсуваат во сè науката на нашиот Спасител, Бога. 11 Зашто се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе, 12 која нè воспитува да се откажеме од безбожноста и светските похоти; да живееме разумно, праведно и побожно во сегашниов век, 13 очекувајќи ја блажената надеж и славното јавување на нашиот Сèмоќен Бог и Спасител, Исус Христос, 14 Кој се даде Самиот Себе место нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да очисти за Себе сопствен народ, кој Му припаѓа, кој ревнува за добрите дела. 15 Зборувај го ова и опоменувај, и изобличувај со целосна власт. Никој да не те презира!
1 Напомнувај им да им се покоруваат на началствата и властите, да бидат послушни, да бидат готови за секое добро дело; 2 никого да не хулат, да не се препираат, да бидат благородни, покажувајќи секаква кротост кон сите луѓе. 3 Зашто и ние бевме некогаш неразумни, непокорни, скитници, робови на разни страсти и задоволства, живејќи во зло и завист, мразени и мразејќи се еден со друг. 4 Но кога се јавија: добрината и човекољубието на Бога, нашиот Спасител, 5 нè спаси не врз основа на праведните дела што сме ги направиле ние, туку по Својата милост, преку капењето на новораѓањето и обновувањето на Светиот Дух, 6 Кого богато Го излеа на нас преку Исуса Христа, нашиот Спасител, 7 та оправдани преку Неговата благодат да станеме наследници според надежта на вечниот живот. 8 Верно е тоа слово, и сакам ова да го држиш цврсто; и оние, кои веруваат во Бога да се грижат да одат напред во добрите дела. Тоа е добро и полезно за луѓето. 9 А избегнувај ги: глупавите распрашувања, родословијата, расправиите и препирките по однос на Законот, зашто се неполезни и суетни. 10 Избегнувај човек кривоверец, по првото и второто опоменување, 11 знаејќи дека таквиот човек се изопачил и дека греши, та се осудил сам себеси. 12 Кога ќе ги пратам при тебе Артема или Тихик, побрзај да дојдеш при мене во Никопол, зашто решив да презимувам таму! 13 Грижливо снабди ги за пат правникот Зина и Аполос, за да имаат сè што им треба! 14 Но и нашите да се учат да бидат први во добрите дела, каде што е тоа неопходно потребно, за да не бидат без плод. 15 Те поздравуваат сите, кои се со мене. Поздрави ги оние, кои нè љубат во верата. Благодатта со сите вас. Амин!
1 Павле, затвореник за Христа Исуса, и братот Тимотеј до нашиот возљубен соработник Филимон, 2 и до сестрата Апфија и до нашиот другар во војувањето Архипа и до твојата домашна црква, 3 благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа. 4 Секогаш Му благодарам на мојот Бог, кога те спомнувам во своите молитви 5 имено, слушам за твојата љубов и вера, што ја имаш кон Господа Исуса и кон сите свети, 6 и твоето општење во верата да биде делотворно во познавањето на секое добро што е во вас заради Исуса Христа. 7 Зашто имам голема радост и утеха во твојата љубов, бидејќи ти - брате - ги освежи срцата на светите. 8 Затоа, иако имам голема смелост во Христа да ти заповедам што е правилно, 9 заради љубовта повеќе сакам да те молам, јас, таков каков што сум - Павле, старец, а сега и затвореник на Христа Исуса; 10 те молам за моето чедо Онисима, кого го родив во оковите, 11 кој некогаш ти беше некорисен, а кој сега ни е корисен и тебе и мене. Ти го испраќам назад него, 12 а ти прими го како моето срце. 13 Сакав да го задржам при себе, за да ми служи место тебе во оковите за Евангелието. 14 Но не сакав ништо да направам без твојата согласност, за да не биде твоето добро дело како принудно туку како доброволно. 15 Зашто можеби затоа беше одделен од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш, 16 не веќе како роб, туку повеќе од роб, како возљубен брат, особено за мене, а камоли не тебе - и по тело и во Господа. 17 И така, ако мене ме сметаш за другар, прими го него како мене! 18 А ако ти направил некаква штета или ти должи нешто, стави го тоа на моја сметка. 19 Јас, Павле, напишав со своја рака, јас ќе платам; за да не ти речам дека и самиот себе си ми должен мене. 20 Да, брате, сакам да видам некаква полза од тебе во Господа. Освежи го срцето мое во Христа. 21 Ти го напишав ова имајќи доверба во твојата послушност, зашто знам дека ќе направиш и повеќе отколку што ти велам. 22 А заедно со тоа приготви ми и сместување, зашто се надевам дека преку вашите молитви ќе ви бидам даруван вам. 23 Те поздравуваат: Епафрас, кој е со мене затвореник во Христа Исуса, 24 Марко, Аристарх, Димас и Лука, мои соработници. 25 Благодатта на Господа Исуса Христа со вашиот дух. Амин!
1 Бог, Кој од стари времиња, многупати и на многу начини, им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во последниве денови ни зборуваше преку Синот, 2 Кого Го постави за наследник на сè и преку Кого ги создаде и вековите. 3 Тој е одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие, Кој носи сè со Своето силно Слово, Кој го изврши очистувањето на гревовите и седна оддесно на Величеството во висините, 4 и стана толку повозвишен од ангелите, колку што наследи повозвишено име од нив. 5 Зашто, кому од ангелите некогаш му рекол: „Ти си Мој Син; Јас Те родив денес” и пак: „Јас ќе Му бидам Татко и Тој ќе ми биде Син?” 6 И пак, кога Го воведе Првородениот во светот, вели: „И да Му се поклонат сите Божји ангели! 7 А за ангелите вели: „Кој Своите ангели ги прави ветрови и Своите слуги огнен пламен.” 8 А за Синот вели: „Твојот престол, Боже, стои во сите векови и жезол на правдата е жезолот на Твоето Царство. 9 Ја возљуби правдата, а го замрази беззаконието, затоа, о Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста, повеќе од Твоите соучесници”, 10 и: „Ти, Господи во почеток ја основа земјата, и небесата се дело на Твоите раце. 11 Таа ќе помине, а Ти остануваш. И сета ќе остари како облека, 12 и ќе ги свиткаш како наметка, и тие ќе се изменат. А Ти си секогаш ист и Твоите години нема да се свршат.” 13 А кому од ангелите некогаш му рекол: „Седни Ми оддесно додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе?” 14 Не се ли тие сите службени духови, испратени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението?
1 Затоа треба да внимаваме повеќе на она што го чувме, за да не отпловиме во било кое време; 2 зашто, ако словото изговорено преку ангелите се покажа цврсто; и ако секој престап и секоја непослушност примила праведна отплата, 3 како ќе и избегаме ние, ако занемариме толкаво голема спасение, кое почна со Господовото проповедање, а кое е потврдено на нас од оние, кои го чуле, 4 откако Бог го посведочи со знаци, и со чуда, и со разни сили, и со раздавање на Светиот Дух според Својата волја. 5 Зашто не им го покори на ангелите идниот свет, за кого што зборуваме; 6 но некој некаде посведочи и рече: „Што е човекот, та да го спомнуваш; или човечкиот син, та да го посетуваш? 7 Само за малку си го направил помал од ангелите, и си го овенчал со слава и чест и си го поставил над делата од Твоите раце; 8 сè си потчинил под неговите нозе.”А кога му покори сè, ништо не му остави непокорено. Но сега уште не гледаме дека му е покорено сè. 9 Но Го гледаме Исуса „Кој беше направен само за малку понизок од ангелите” - овенчан со слава и чест заради смртното страдање, та по Божјата благодат да ја вкуси смртта за сите. 10 Зашто Му прилегаше Нему, заради Кого е сè и преку Кого е сè, откако приведе многу синови во слава, преку страдањата да Го усоврши Началникот на нивното спасение. 11 Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветувани, сите се од Еден; затоа не се срами да ги нарече браќа 12 кога вели: „Ќе им го навестам Твоето име на Своите браќа, ќе Те фалам среде собранието,” 13 и пак: „Јас ќе се надевам на Него,” и пак: „Еве јас и моите деца, кои ми ги даде Бог.” 14 Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, и со смртта да го уништи оној, кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот, 15 и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство. 16 Зашто навистина, Тој не им даде помош на ангелите, туку дава помош на Аврамовото семе. 17 Затоа требаше во сè да стане како Своите браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник пред Бога, за да изврши помирување за гревовите на луѓето. 18 Бидејќи, затоа што и Самиот трпеше кога беше искушуван, може да им помогне на оние кои се искушувани.
1 Затоа, свети браќа, вие кои учествувате во небесното призвание, насочете ги вашите мисли кон Исуса, Апостолот и Првосвештеникот на нашето исповедување, 2 Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил, како што беше и Мојсеј во целиот Негов дом. 3 Зашто Овој е удостоен со поголема слава од Мојсеја, како што поголема чест има од куќата оној кој ја изградил. 4 Зашто, секоја куќа некој ја гради; а Бог изградил сè. 5 Навистина, и Мојсеј беше верен во целиот Негов дом како слуга, за да посведочи за она што имаше да се каже, 6 а Христос како Син е над Својот дом; а ние сме Негов дом, ако ги запазиме смелоста и радоста на нашата надеж. 7 Затоа како што вели Светиот Дух: „Денес ако го чуете Неговиот глас, 8 не закорувајте ги вашите срца, како при огорчувањето во денот на искушувањето во пустината, 9 каде вашите татковци се обидоа да Ме искушуваат, и ги видоа Моите дела четириесет години. 10 Затоа се расрдив на тоа поколение и реков: секогаш скитаат во срцето, не ги познаа Моите патишта; 11 така што се заколнав во Својот гнев: нема да влезат во Мојата починка.” 12 Гледајте, браќа, да не би во некого од вас да има лукаво срце, што не верува, та да замине од живиот Бог; 13 туку бодрете се еден друг секој ден, додека се вели „денес”, да не би некој од вас да отрпне од измамата на гревот. 14 Зашто, ние станавме Христови соучесници, само ако почетната увереност ја запазиме цврсто до крај. 15 Кога се вели: „Денес ако го чуете Неговиот глас, не закорувајте ги вашите срца, како при огорчувањето.” 16 Имено, кои се тие кои, откако чуја Го огорчија? Зар не сите кои излегоа од Египет преку Мојсеја? 17 А на кои беше гневен четириесет години? Зар не на оние кои згрешија и чии трупови паднаа во пустината? 18 А на кои им се заколна дека нема да влезат во Неговата починка, ако не на оние кои беа непокорни? 19 И гледаме дека не можеа да влезат поради неверието.
1 И така, да страхуваме да не е изостанал некој од вас, додека е уште оставено ветувањето за влегувањето во Неговата починка. 2 Зашто и ние ја чувме Радосната Вест како и тие; но немаа полза од словото што го чуја, зашто не беше придружено со вера, кај оние кои го беа чуле. 3 Имено, во починката влегуваме ние, кои поверувавме, како што рекол: „Така се заколнав во Мојот гнев и нема да влезат во Мојата починка”, иако делата беа свршени уште при основањето на светот. 4 Зашто некаде за седмиот ден е речено вака: „И Бог почина во седмиот ден од сите Свои дела.” 5 И пак на тоа место: „Нема да влезат во Мојата починка.” 6 И така, ако останува некои да влезат во неа, а оние кои порано го чуле Евангелието не влегле заради непослушност; 7 пак определува некој ден, „денес”, кога по толку време зборува преку Давида, како што е речено порано: „Денес ако го чуете Неговиот глас, не закорувајте ги вашите срца.” 8 Зашто, ако Исус Навинов можеше да ги доведе во починка, не би зборувал после тоа за друг ден. 9 Значи, на Божјиот народ му остана починката. 10 Имено, кој влегол во Неговата починка, тој се одморил од своите дела, како и Бог од Своите. 11 И така, да се погрижиме да влеземе во Христовата починка, за да не падне некој по примерот на истата непослушност! 12 Зашто Божјото Слово е живо, и делотворно, и поостро од секој меч остар од двете страни, и навлегува до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и на мозокот; и ги суди мислите и намерите на срцето, 13 и нема создание кое е невидливо пред Него; туку сè е голо и откриено пред очите на Оној, пред Кого ние ќе дадеме сметка. 14 И така, бидејќи имаме Голем Првосвештеник, Кој поминал низ небесата - Исуса, Божјиот Син, да се држиме цврсто за исповедувањето! 15 Зашто, немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот. 16 И така да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба.
1 Зашто, секој првосвештеник, кој е избран од помеѓу луѓето, се поставува за луѓето, за да служи пред Бога, за да принесува дарови и жртви за гревовите, 2 како оној кој може да биде благ кон оние кои не знаат и се заблудени, зашто и самиот е со слабост. 3 И заради тоа е должен да принесува жртви за гревовите, како за народот, така и за себеси. 4 И никој не ја зема оваа почест за себе, туку Бог го повикува, како и Арона. 5 Така и Христос не се прослави Сам Себеси за да биде Првосвештеник, туку Оној Кој Му рече: „Ти си Мој Син, Јас Те родив денес,” 6 како што Тој и на друго место вели: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.” 7 Тој, во деновите на Своето тело, Му принесе молитви и молби со силно викање и солзи, на Оној Кој можеше да Го спаси од смрт, и беше чуен заради богобојазливоста. 8 Иако беше Син, ја научи послушноста од она што го претрпе 9 и откако се усоврши, им стана на сите кои Му се послушни, Повод за вечно спасение, 10 наречен од Бога Првосвештеник по редот Мелхиседеков. 11 За ова имаме да зборуваме многу, што е тешко да се протолкува зашто станавте мрзливи за слушање. 12 Имено, според времето требаше да бидете учители; меѓутоа вам ви е пак потребно да ве учи некој на основните начела на Божјите пророчки зборови; и станавте такви што ви е потребно млеко, а не тврда храна. 13 Зашто секој, кој се храни со млеко, неискусен е во словото на правдата, зашто е младенец. 14 А тврдата храна е за полнолетните, кои преку навика, ги извежбале сетилата да разликуваат добро и зло.
1 Затоа да ја оставиме почетната наука за Христа и да се обрнеме кон полна зрелост, не поставувајќи пак основа за покајание од мртвите дела и верата во Бога; 2 учењето за крштавањата, за полагање на раце, за воскресението на мртви и за вечниот суд. 3 И тоа ќе го направиме ако дозволи Бог. 4 Зашто е невозможно оние кои еднаш се просветени и кои го вкусиле небесниот дар, станувајќи учесници на Светиот Дух 5 и кои ги вкусиле: доброто Божјо слово и силите на идниот век, 6 а сепак отпаднале - пак повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно Го распнуваат за себеси Божјиот Син и Го срамат отворено. 7 Зашто земјата која го впива дождот, што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога; 8 но ако раѓа трње и боцки, не чини и е близу до проклетството; нејзиниот крај е во горењето. 9 А за вас, возљубени наши, иако зборуваме вака, сме уверени за подоброто кое го придружува спасението. 10 Зашто Бог не е неправеден па да ги заборавил вашето дело и љубовта, што ја покажавте кон Неговото име, откако им послуживте и им служите на светите. 11 Но ние сакаме: секој од вас до крај да ја покаже истата ревност, за да се исполни надежта наполно, 12 и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние, кои преку вера и трпение го наследуваат ветувањето. 13 Зашто кога Бог му даде ветување на Авраама, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна Сам во Себе, 14 велејќи: „Навистина ќе те благословам премногу и ќе те размножам и преумножам.” 15 И така, Аврам трпејќи го доби ветеното. 16 Имено, луѓето се колнат во она што е поголемо, и секоја нивна препирка свршува со заколнување за потврдување. 17 Затоа и Бог, сакајќи поверодостојно да им ја покаже на наследниците на ветувањето непроменливоста на Својата намера, се послужи со заклетва, 18 така што преку тие две непроменливи работи, во кои Бог не може да измами, да имаме цврст поттик, ние кои прибегнуваме да ја дофатиме надежта што е поставена пред нас. 19 Неа ја имаме како безбедна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата, 20 каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Првосвештеник по редот Мелхиседеков.
1 Зашто овој Мелхиседек, салимски цар, свештеник на Сèвишниот Бог, кој го пресретна Авраама кога се враќаше по победата над царевите, и го благослови; 2 кому Авраам му оддели десеток од сè; чие име прво значи „Цар на правдата”, потоа „Цар на Салим” односно „Цар на мирот”, 3 без татко, без мајка, без родословие, кој немаше ниту почеток на деновите, ниту свршеток на животот, сличен на Божјиот Син, останува вечно свештеник. 4 Гледате ли колку е голем оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен! 5 Навистина и оние од Левиевите синови, кои ја примаат свештеничката служба, имаат заповед според Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие излегоа од Авраамовите бедра. 6 Но оној, кој не произлегол од нив зеде десеток од Авраама и го благослови оној кој ги имаше ветувањата. 7 А и без секаква противречност е дека помалиот е благословен од поголемиот. 8 И така, тука смртни луѓе земаат десеток, а таму Оној, за Кого се сведочи дека живее. 9 И да речам така, Левиј, кој зема десеток, даде десеток преку Авраама, 10 зашто уште беше во бедрото на својот татко, кога Мелхиседек го сретна. 11 И така, ако исполнувањето беше преку левитското свештенство, зашто народот го прими Законот под него, каква потреба би била уште да се издигне друг свештеник по редот Мелхиседеков и да не се наречува по редот Аронов? 12 Зашто, ако се промени свештенството по неопходност станува и промена на Законот. 13 Бидејќи тој, за кого се вели ова му припаѓаше на друго племе, од кое никој не служел при жртвеникот. 14 Зашто е познато дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе, а за свештенство од ова племе Мојсеј ништо не рече. 15 Тоа станува уште појасно ако се воздигне друг свештеник според сличноста на Мелхиседек, 16 кој не станал тоа според закон на телесна заповед, туку според силата на неуништливиот живот. 17 Зашто за него се сведочи: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.” 18 Со тоа се укинува поранешната заповед, заради нејзината слабост и бесполезност - 19 зашто Законот не усовршил ништо, а се воведува подобра надеж, преку која се доближуваме до Бога. 20 Доколку не бива без заклетва, имено другите станаа свештеници без заклетва; 21 а Тој со заклетва преку Оној, Кој Му рече: „Господ се заколна и нема да се покае: Ти си свештеник довека”, 22 дотолку и Исус стана залог на подобар завет. 23 И тие во голем број станаа свештеници зашто смртта ги спречуваше да продолжат, 24 а Тој пак има свештенство, што не може да мине на друг, зашто останува довека. 25 Затоа и може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓаат при Бога, зашто секогаш живее, за да посредува за нив. 26 Зашто таков Првосвештеник ни требаше и нам: свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците и повозвишен од небесата, 27 Кој нема секојдневна потреба како првосвештениците, да принесува жртва прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот, зашто тоа го направи еднаш за секогаш принесувајќи се Самиот Себе. 28 Зашто, Законот поставува слаби луѓе за големи свештеници, а зборот на заклетвата - дадена после Законот, Синот, Кој е усовршен довека.
1 Во ова што е кажано главно е: имаме таков Првосвештеник, Кој седна оддесно на престолот на Величеството во небесата 2 како служител на Светилиштето и на вистинскиот Шатор, што го подигна Господ, а не човек. 3 Зашто секој првосвештеник се поставува за да принесува и дарови и жртви, затоа е потребно и тој да има што да принесе. 4 Зашто, ако Тој беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто тука има такви, кои ги принесуваат даровите според Законот; 5 тие им служат на сликата и на сенката на небесните нешта, како што му беше речено на Мојсеја, кога требаше да го направи Шаторот: „Гледај, рече, да направиш сè според образецот, што ти беше покажан на гората!” 6 И сега, доби толку повозвишена служба, колку што е посредник на подобриот завет, што е озаконет врз подобри ветувања. 7 Зашто, ако оној првиот завет беше без недостаток, не ќе се бараше место за вториот. 8 Зашто укорувајќи ги, им вели: „Еве, идат денови вели Господ, и ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом; 9 не онаков каков што склучив со нивните татковци, во оној ден кога ги зедов за рака, за да ги изведам од Египетската Земја, зашто тие не му останаа верни на Мојот завет, и Јас не се погрижив повеќе за нив, - вели Господ. 10 зашто ова е Заветот со кој ќе го заветувам Израелевиот дом по оние денови, вели Господ: ќе ги вложам Своите закони во нивниот ум, и ќе ги напишам во нивните срца. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. 11 И ниеден веќе нема да го поучува својот ближен и ниеден својот брат, велејќи: „Познај Го Господа, зашто ќе Ме познаваат сите од малиот до големиот меѓу нив, 12 зашто ќе бидам милостив кон нивните неправди, и нема веќе да си спомнувам за нивните гревови!” 13 А кога вели „Нов”, со тоа го прогласил првиот за застарен. А што старее и оветвува не е далеку од исчезнувањето.
1 Секако, и првиот завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште. 2 Зашто беше приготвен првиот дел на Шаторот, во кој беше светилникот и трпезата, и положените лебови, што се вика Светина. 3 А зад втората завеса на Шатарот беше другиот дел, наречен Светина над Светините 4 со златниот жртвеник за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој беше златниот сад со мана и со расцутениот Аронов жезол, и Плочите на заветот, 5 а над него херувимите на славата, кои го засенуваа Поклопецот на Помирувалиштето; а за сè ова сега не може да се зборува подетално. 6 При таквиот распоред, во првиот дел на Шаторот секогаш влегуваат свештениците, кога ја извршуваат својата служба, 7 а во вториот дел, само првосвештеникот еднаш во годината, и тоа не без крв, што ја принесува за своите и за гревовите на народот направени од незнаење. 8 Со тоа Светиот Дух покажува дека патов во Светината над светините уште не е откриен; додека уште постои првиот дел на Шаторот, 9 кој е симболична слика за сегашното време, според која се принесуваат дарови и жртви, кои во однос на совеста не можат да го доведат до совршенство оној, кој Му служи така, 10 зашто се засновуваат само врз јадења и пиења, и разни миења - како прописите за телото наложени до времето на поправањето. 11 А Христос откако се појави како Првосвештеник на идните добра и влезе низ поголем и посовршен Шатор, што не е направен со рака, односно која не е од оваа создавање, 12 влезе еднаш засекогаш во Светината над светините, и тоа не со крвта на јарци и јунци, туку преку Својата крв, и ни прибави вечен откуп. 13 Зашто, ако крвта на јарците и биковите и пепелта од јуница, со која се попрскуваат осквернетите, осветува за чистење на телото, 14 колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку вечниот Дух Му се принесе Сам Себеси на Бога без недостаток, ќе ја очисти нашата совест од мртвите дела, за да Му служиме на живиот Бог. 15 Затоа Тој е Посредник на Новиот завет: за повиканите да го примат ветувањето за вечното наследство, откако смртта зеде место за откуп на престапите направени во првиот завет. 16 Зашто, каде што има завет потребно е да се докаже и смртта на заветувачот. 17 Имено, заветот станува полноважен по смртта, а никогаш не важи додека живее заветувачот. 18 Затоа ни првиот завет не беше утврден без крв. 19 Имено, кога Мојсеј му ја изговори секоја заповед според Законот на целиот народ, зеде крв од јунци и јарци со вода и со црвена волна и со исоп ги попрска: и самиот книжен свиток и целиот народ, 20 велејќи : „Ова е крвта на заветот, што Бог го склучи со вас.” 21 А исто така ги попрска со крвта Шаторот и сите богослужбени садови. 22 И по Законот речиси сè се чисти со крв, и без пролевање на крв нема проштавање. 23 И така, неопходно беше сликите на небесните нешта да се очистат со нив, а самите небесни нешта со жртви подобри од овие. 24 Зашто Христос не влезе во ракотворна Светина, која е образ на вистинската, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас. 25 И не за да се принесе многупати Себеси, како што првосвештеникот влегува во Светината секоја година со туѓа крв; 26 зашто инаку би требало да страда многупати од создавањето на светот. Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш, за да го отстрани гревот со Својата жртва. 27 И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа суд, 28 така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави вторпат без грев, а за спасение на оние кои го очекуваат.
1 Зашто Законот ја има само сенката на идните добра, а не и самата суштина на нештата, и не може секогаш со истите жртви, што се принесуваат секоја година постојано, да ги усоврши оние, кои му пристапуваат. 2 Инаку би престанале да ги принесуваат, зашто не би биле свесни за гревови оние кои служејќи така, еднаш се очистени. 3 Но тие секоја година напомнуваат на гревовите 4 зашто крвта на биковите и јарците не може да ги отстрани гревовите. 5 Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело. 6 Сèпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.” 7 Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже. 8 Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни” - тие се принесуваат според Законот, 9 потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.” Така го отстранува првото, за да го воспостави второто. 10 Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. 11 И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите. 12 Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога, 13 и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе. 14 Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа. 15 А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече: 16 ”Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум, 17 и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам.” 18 А каде има проштавање за нив, таму нема веќе приноси за грев. 19 И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светината преку крвта на Исуса, 20 Кој ни го отвори новиот и живиот пат низ завесата, односно Неговото тело, 21 и откако Го имаме Врховниот Свештеник над Божјиот дом, 22 да пристапуваме со искрено срце во полна увереност на верата, со срца кои преку попрскување се очистени од зла совест и со тело измиено во чиста вода. 23 Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил 24 и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела! 25 Да не ги напуштаме своите собранија, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден друг, и тоа дотолку повеќе, доколку гледате дека наближува Денот! 26 Зашто, ако грешиме самоволно откако го примивме полното познание на вистината, не останува веќе жртва за гревовите, 27 туку само страшно очекување на судот и ревност на огнот, што ќе ги проголта противниците. 28 Кога некој го презре Мојсеевиот закон умира без милост, во присуство на двајца или тројца сведоци. 29 Колку полоша казна, мислите, ќе заслужи оној, кој Го подгазил Божјиот Син и ја смета нечиста крвта на заветот, со која бил осветен, и Го навредил Духот на благодатта? 30 Зашто ние Го знаеме Оној Кој рече: „Одмаздата е Моја, Јас ќе вратам!” И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.” 31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог. 32 Спомнувајте си за поранешните денови, кога просветени претрпевте голема борба на страдања, 33 со тоа што бевте од една страна изложени јавно на хулења и неволји, а од друга страна станавте соучесници на оние кои страдат така. 34 Зашто страдавте заедно и со оние кои беа во окови и со радост го примивте разграбувањето на својот имот, знаејќи дека имате подобар и траен имот. 35 И така, не отфрлајте ја вашата доверба, која има голема награда. 36 Имено, вам ви е потребно трпение, за да ја исполните Божјата волја и да го добиете ветувањето. 37 Зашто: уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде, и нема да се забави. 38 А Мојот праведник ќе живее од верата, ако ли се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него.” 39 А ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои веруваат за спасение на душата.
1 А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат. 2 Зашто преку неа старите добија сведоштво. 3 Преку вера разбираме дека вековите се создадени со Божјото слово, така што видливото произлегло од невидливото. 4 Преку вера Авел Му принесе на Бога жртва подобра од Каиновата; преку неа прими сведоштво дека е праведен, зашто Бог посведочи за неговите дарови; и преку вера тој уште зборува, иако е умрен. 5 Преку вера Енох беше пренесен така, да не ја види смртта, и веќе не се најде, зашто Бог го зеде; зашто, пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога. 6 А без вера не е можно да Му се угоди, зашто кој Му пристапува на Бога треба да верува дека има Бог и дека ги наградува оние кои Го бараат. 7 Преку вера Ное беше известен за она што уште не се гледаше, поттикнат од стравопочитување, приготви ковчег за спасение на својот дом; со неа го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера. 8 Преку вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и излезе не знаејќи каде оди. 9 Преку вера се насели во земјата на ветувањето, како во туѓа и се настани во шаторите заедно со Исака и Јакова, сонаследници на истото ветување, 10 зашто бараше град со основи, кому Бог му е Градител и Творец. 11 Преку вера и самата Сара доби сила да зачне, во напредната возраст откако Го сметаше за верен Оној, Кој и беше ветил. 12 Затоа од еден и тоа речиси мртов, се намножи многу народ „како небесните ѕвезди и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи.” 13 Сите овие умреа во вера, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и придојденици на земјата. 14 Зашто, кои зборуваат така, покажуваат дека ја бараат родината. 15 И ако при тоа мислеле на онаа, од која излегле, имаа време да се вратат; 16 но сега, копнеат по подобра, односно по небесната. Затоа Бог не се срами од нив, да се нарече нивни Бог, зашто им приготвил град. 17 Преку вера Авраам - кога беше испитуван - го принесе Исака, и тој, кој ги прими ветувањата го принесе својот единороден син. 18 Кому му беше речено: „Во Исака ќе биде наречено твоето Семе.” Тој помислил дека Бог може и од мртвите да воскреснува; 19 затоа го прими и како преобраз на воскресението. 20 Преку вера Исак ги благослови Јакова и Исава, и во однос на идните нешта. 21 Преку вера Јаков, умирајќи, го благослови секој Јосифов син, и Му се поклони на Бог потпирајќи се на врвот од својот стап. 22 Преку вера Јосиф на умирање спомна за излезот на Израелевите синови и даде заповед за своите коски. 23 Преку вера Мојсеј, кога се роди, неговите родители го криеја три месеци, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царевата заповед. 24 Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го наречуваат син на фараоновата ќерка, 25 и со поголема желба сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да се насладува за кратко време на гревот. 26 Зашто хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства, зашто ја имаше предвид наградата. 27 Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот. 28 Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној, кој ги сотруваше првородените. 29 Преку вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египтјаните - кога се обидоа, се издавија. 30 Преку вера паднаа ерихонските ѕидови, по седумдневното обиколување околу нив. 31 Преку вера блудницата Раава не загина со непокорните, зашто ги прими согледувачите со мир. 32 И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гедеона, Варака, Самсона, Јефтаја, Давида и Самоила, и за пророците, 33 кои преку вера победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови, 34 ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски. 35 Жени примија свои воскреснати мртви, а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение. 36 Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница. 37 Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи; во оскуднот, во неволји, во лоши постапувања, 38 оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и по земните јами. 39 И сите тие, иако се посведочени преку верата, не го примија ветувањето, 40 зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие да не дојдат до совршенството без нас.
1 Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; 2 гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол. 3 Имено, размислете за Него, Кој претрпе од грешниците такви противења против себеси, за да не се истоштите и за да не станете малодушни. 4 Уште не сте се воспротивеле до крв во борбата против гревот, 5 и ја заборавивте опомената, која ви зборува вам како на синови: „Сине мој! Не презирај го Господовото укорување, ниту ослабувај, кога те изобличува, 6 зашто Господ го казнува оној, кого го љуби, а го бие секој син, кого што го прима.” 7 Ако трпите укорување, Бог постапува со вас како со синови. Зашто кој е тој син, кого таткото не го казнува? 8 А ако сте пак без казна, од која сите добиле дел, тогаш сте незаконски деца, а не синови. 9 Освен тоа, нашите телесни татковци нè казнуваа, и ние ги почитувавме; нема ли да Му се покориме на Таткото на духовите, и така да живееме? 10 Имено, тие нè казнуваа за малку денови, како што им беше угодно, а Тој за наша полза, за да станеме учесници на Неговата светост. 11 Навистина, секоја казна во сегашноста не изгледа дека е за радост, туку за жалост. Но, подоцна им донесува мирен плод на праведност на оние, кои се обучувале преку неа. 12 Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена, 13 и израмнете ги патеките со своите нозе, за да не се исколчи хромото, туку, напротив, да се исцели. 14 Стремете се кон мирот со сите и кон светоста, без која никој не може да Го види Господа, 15 внимавајќи да не му недостасува некому Божјата благодат, „за да не изникне некој горчлив корен” и за да не ве вознемири, и за да не се онечистат со него мнозина; 16 да не биде некој блудник или несвет како Исав, кој за едно јадење го продаде своето првородство. 17 Имено, знаете дека подоцна кога сакаше да го наследи благословот, беше отфрлен, зашто не најде место за покајание, иако го бараше со солзи. 18 Зашто, вие не пристапивте до гората, што може да се опипа и што е пламната во оган; ни до темнината, ни до мракот, ни до виорот, 19 ни до трубниот глас, ни до гласот на зборовите, за кои слушателите молеа да не им се зборува веќе, 20 зашто не можеа да ја поднесат заповедта: „Ако и животно се допре до гората, нека биде каменувано.” 21 А глетката беше толку страшна, така што и Мојсеј рече: „Исплашен сум и треперам.” 22 Туку, вие пристапивте до Сионската Гора, и до градот на живиот Бог, Небесниот Ерусалим: до десетици илјади ангели, 23 до свечениот соборот и заедницата на првородените, кои се запишани на небесата, и до Бога - Судијата на сите, и до духовите на усовршените праведници; 24 до Исуса, посредникот на Новиот Завет и до крвта за попрскување, која зборува подобро од Авеловата. 25 Гледајте да не Го одбиете Оној Кој зборува! Зашто, ако не избегаа оние, кои Го одбија Оној Кој предупредуваше на земјата; уште помалку ќе избегаме ние, ако се отстраниме од Оној Кој зборува од небесата! 26 Неговиот глас ја потресе тогаш земјата, а сега ветува, велејќи: „ Јас ќе ги потресам уште еднаш не само земјата туку и небото.” 27 А тоа „уште еднаш„ укажува на измена на она што може да се потресе како создадено, за да остане она што не може да се потресе. 28 Затоа, примајќи го Непоколебливото Царство, да бидеме благодарни со што Му служиме благоугодно на Бога, со страв и со почитување. 29 Зашто, нашиот Бог е оган, што проголтува.
1 Братољубието нека остане! 2 Не го заборавајте гостољубието, зашто некои преку него, без да знаат, примија ангели на гости! 3 Помнете ги затворениците, како да сте оковани со нив; и оние кои страдаат, зашто и самите сте во тело! 4 Сите да го почитуваат бракот, и брачното легло чисто, зашто Бог ќе им суди на блудниците и прељубниците. 5 Нека вашето однесување биде слободно од среброљубие. Бидете задоволни со она, што го имате, зашто Тој рече: „Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те оставам!” 6 Затоа можеме смело да речеме: „Господ ми е помошник, нема да се плашам, што може да ми направи човек?” 7 Помнете ги своите водачи, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте на крајот на нивниот начин на живеење, Подражавајте ја нивната вера! 8 Исус Христос е ист вчера, и денес, и довека. 9 Не дозволувајте да ве заведат со разни и туѓи науки, зашто е добро срцето да биде зацврстувано во благодат, а не со јадења, од кои немаа полза оние, кои живееја преку нив! 10 Ние имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат служителите на Шаторот 11 Бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за гревовите, се изгоруваат надвор од станот, 12 затоа и Исус, за да го освети народот преку Својата крв, пострада надвор од градската порта. 13 И така, да појдеме кон Него, надвор од станот, носејќи ја Неговата мака, 14 зашто тука немаме траен град, туку го бараме идниот. 15 И така, преку Него да Му принесуваме постојано на Бога пофална жртва, односно: плод на усните, кои го исповедуваат Неговото име. 16 А не заборавајте ги: добротворството и делењето со другите, зашто со такви жртви Му се угодува на Бога! 17 Бидете им послушни на вашите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души како оние, кои ќе одговараат за тоа; за да го прават тоа со радост, а не со воздишки, зашто тоа не би било полезно за вас. 18 Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, и сакаме да се владееме добро во сè. 19 Уште повеќе ве молам да го правите тоа, за да ви бидам поскоро вратен. 20 А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го изведе од мртвите Великиот Пастир на овците, нашиот Господ Исус, 21 да ве усоврши во секое добро за да ја извршувате Неговата волја, вршејќи го во нас она, што е угодно пред Него, преку Исуса Христа, Кому да биде слава во вечни векови. Амин! 22 Ве молам, браќа, да не ви биде тешко да го примите оваа слово на утеха, зашто ви го напишав накратко. 23 Знајте дека нашиот брат Тимотеј е ослободен, ако дојде скоро, со него ќе ве видам. 24 Поздравете ги сите ваши водачи и сите свети. Ве поздравуваат од Италија. 25 Благодатта со сите вас. Амин!
1 Откровение на Исуса Христа, што Бог Му го даде, за да им покаже на Своите слуги, што треба да стане скоро, и Тој го покажа тоа преку Својот ангел, испратен при Својот слуга Јован, 2 кој го посведочи Божјото Слово и сведоштвото на Исуса Христа, сè што виде. 3 Блажен е кој чита и блажени се кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу. 4 Јован до седумте цркви во Азија: Благодат вам и мир од Оној, Кој е и Кој беше и Кој иде, и од седумте Духови, Кои се пред Неговиот престол, 5 и од Исуса Христа, Кој е верен Сведок, Првороден од мртвите и Владетел на земните цареви, Нему, Кој нè љуби и Кој нè изми од нашите гревови во Својата крв, 6 и нè направи цареви и свештеници на Бога, и на Својот Татко - Нему слава и моќ во вечни векови, амин! 7 Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око, и оние, кои Го прободоа, и сите земни племиња ќе заридаат за Него. Да, амин! 8 ”Јас Сум Алфа и Омега”, почетокот и крајот, - вели Господ Бог, Кој е и Кој беше и Кој иде - Сèмоќниот 9 Јас, Јован, ваш брат и соучесник во неволјата и во царството, и во трпението во Исуса Христа, бев на островот, наречен Патмос заради Божјото Слово и сведоштвото за Исуса. 10 Во Господов ден бев во Духот и чув, зад себе, силен глас - како од труба - кој велеше: „Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот;” 11 ”Запиши во книга, што гледаш, и испрати им го на седумте цркви: во Ефес, и во Смирна, и во Пергам, и во Тиатир, во Сард, и во Филаделфија и во Лаодикија.” 12 И се свртив, за да го видам гласот, што зборуваше со мене. И свртувајќи се, видов седум златни светилници, 13 а среде седумте светилници, Некој, сличен на Човечкиот Син, облечен во долга облека до нозете и препашан со златен појас преку градите. 14 Неговата глава и косата беа бели како бела волна, како снег, а Неговите очи како огнен пламен; 15 Неговите нозе како бронза вжарена во печка; а Неговиот глас, како шум од многу води. 16 Во Својата десна рака држеше седум ѕвезди, и од Неговата уста излегуваше меч остар од двете страни; и Неговото лице беше како што сонцето свети во својата сила. 17 И кога Го видов паднав како мртов пред Неговите нозе; а Тој ја сложи Својата десница врз мене и ми рече: „Не бој се! Јас Сум Првиот и Последниот 18 и Живиот, и умрев, и ете, Жив Сум во сите векови. Амин! И ги имам клучевите на Подземјето и смртта. 19 И така, напиши ова што го виде: и тоа што е и она што ќе биде потоа. 20 Тајната на седумте ѕвезди, што ги виде во Мојата десница, и на седумте златни светилници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви, а седумте светилници, што ги виде, се седумте цркви.
1 На ангелот на црквата во Ефес напиши му: ова го зборува Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во Својата десница, Кој оди среде седумте златни светилници. 2 Ги знам твоите дела и твојот труд и твоето трпение; и дека не можеш да ги поднесуваш лошите, и ги испита оние, кои тврдеа дека се апостоли, а не се, и најде дека се лажци; 3 и имаш трпение, и си претрпел за Моето име, си се трудел, и не се умори. 4 Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. 5 И така, спомни си од каде падна, и покај се, и врши ги своите први дела; а ако не, скоро ќе дојдам при тебе и ќе го отстранам твојот светилник од неговото место, ако не се покаеш. 6 Туку ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам. 7 Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај!” 8 И на ангелот на црквата во Смирна напиши му: „Ова го зборува Првиот и Последниот, Кој умре и оживе: 9 ги знам твоите дела неволјата и сиромаштвото - но ти си богат - и хулите на оние, кои зборуваат дека се Јудејци, а не се, туку се сатанска синагога. 10 Не бој се од она, што ќе претрпиш. Ете, ѓаволот ќе фрли некои од вас во темница, за да бидете искушувани, и ќе бидете во неволја десет дни. Биди верен до смрт и ќе ти дадам круната на животот. 11 Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „ На оној кој победува - втората смрт нема да му нанесе штета.” 12 На ангелот на црквата во Пергам напиши му: „Ова го вели Оној, Кој има меч остар од двете страни: 13 ги знам делата твои, и каде живееш, каде е престолот на сатаната; и го држиш Моето име, и не се одрече од верата во Мене, ни во деновите на Мојот верен сведок Антипа, кого го убија кај вас, каде живее сатаната. 14 Но имам нешто малку против тебе: зашто имаш таму некои, кои го држат учењето на Валаама, кој го учеше Валака да ги наведе на соблазан Израелевите синови, за да јадат идоложртвуваното и да блудствуваат. 15 Така и ти имаш некои, кои го држат на ист начин учењето на николаитите, кое го мразам. 16 Затоа, покај се! Ако пак не, ќе дојдам скоро при тебе и ќе завојувам против нив, со мечот на Мојата уста.” 17 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам од скриената мана, ќе му дадам и бел камен и на каменот напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, кој го добива.” 18 И на ангелот на црквата во Тиатир напиши му: „Ова го зборува Божјиот Син, Кој има очи како огнен пламен, а нозете му се како сјаен бакар. 19 Ги знам твоите дела, и твојата љубов и верата и службата, и твоето трпение, и твоите последни дела, кои се повеќе од првите. 20 Но имам нешто против тебе: што ја трпиш жената Језавела, која се наречува себеси пророчица и која ги учи и ги заблудува Моите слуги, за да блудствуваат и да јадат идоложртвувано. 21 дадов време да се покае, но не сака да се покае за своето блудство. 22 Еве, ќе ја фрлам на постела, и со неа оние, кои прељубодејствуваа со неа, во голема неволја, ако не се покајат за своите дела. 23 И ќе и ги погубам децата, и сите цркви ќе знаат дека Јас Сум Тој, Кој ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас, според неговите дела. 24 А вам и на другите во Тиатир, кои не го држат ова учење, кои - како што велат - не ги запознаа сатанските длабочини, ви велам: не ви наложувам друго бреме. 25 Но држете го она, што го имате, додека дојдам. 26 И на оној, кој победува, и ги пази Моите дела до крај, нему ќе му дадам власт над народите, 27 и ќе ги пасе со железна палка; и тие ќе се строшат како глинени садови; како што и Јас примив од Мојот Татко. 28 И ќе му ја дадам ѕвездата Деница. 29 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите!”
1 „И на ангелот на црквата во Сард напиши му:” Ова го зборува Оној, Кој ги има седумте Божји Духови и седумте ѕвезди: ги знам твоите дела, имаш име дека си жив, но си мртов. 2 Разбуди се и зацврсти го другото, што е веќе на умирање; зашто не ги најдов твоите дела исполнети пред Мојот Бог. 3 И така, спомни си, како си примил и чул, и пази и покај се. И така, ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец; и нема да знаеш во кој час ќе дојдам врз тебе. 4 Но имаш малку имиња во Сард, кои не ги онечистија своите облеки, тие ќе одат во бели облеки со Мене, зашто се достојни. 5 Кој победува, ќе се облече така во бели облеки и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, но ќе го признаам неговото име пред Мојот Татко и пред Неговите ангели. 6 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите!” 7 ”И на ангелот на црквата во Филаделфија напиши му: ова го зборува Светиот, Вистинитиот, Кој го има Давидовиот клуч; Кој отвора, и никој не затвора! Кој затвора и никој не отвора: 8 ги знам твоите дела. Ете, поставив пред тебе отворена врата, што никој не може да ја затвори; зашто ти имаш мала сила и сепак го запази Моето слово, и не се одрече од Моето име. 9 Еве, ти давам некои од сатанината синагога, кои тврдат дека се Јудејци, а не се, туку лажат. Ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред Твоите нозе, и да познаат, дека Јас те возљубив. 10 Зашто ти го запази Моето слово за трпението, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, што ќе дојде врз целиот свет, за да ги искуша оние, кои живеат на земјата. 11 Ете, идам скоро! Држи го цврсто она, што го имаш, за никој да не ја земе твојата круна. 12 Оној, кој победува ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог и нема веќе да излезе надвор и на него ќе го напишам името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог - Новиот Ерусалим, кој слегува од небото, од Мојот Бог; и Моето ново име. 13 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.” 14 ”И на ангелот на црквата во Лаодикија напиши му: ова го зборува Амин, верниот и вистинскиот Сведок; Почетокот на Божјото создание: 15 ги знам твоите дела, дека не си ни студен ни врел. О, кога би бил студен или врел! 16 Вака, бидејќи си млак, и не си ниту врел ниту студен, ќе те изблувам од Својата уста. 17 Зашто велиш: богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден и несреќен, и сиромав и слеп, и гол. 18 Те советувам да купиш од Мене злато, пречистено во оган, за да се збогатиш; и бели облеки, за да се облечеш и да не се појави срамотата на твојата голота; и очна маст, за да ги намачкаш своите очи, за да гледаш. 19 Јас ги укорувам и казнувам оние, кои ги љубам; затоа биди ревностен и покај се! 20 Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. 21 На оној, кој победува, ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Мојот Татко на Неговиот престол. 22 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите!”
1 Потоа видов, и ете: врата отворена во небото; и поранешниот глас, што го чув да зборува, како труба, со мене, рече: дојди ваму, горе, и ќе ти покажам што има да се случи после ова! 2 Веднаш се најдов во духот, и ете: на небото стоеше престол, а на престолот седеше Еден; 3 а Оној Кој седеше изгледаше како камен јаспис и сард; и божилак околу престолот, на изглед како смарагд. 4 И околу престолот имаше дваесет и четири престоли, а на престолите видов дваесет и четири седнати старешини, облечени во бели облеки, а на главите имаа златни круни. 5 И од престолот излегуваа секавици и гласови и грмежи; а пред престолот гореа седум огнени светила, тоа се седумте Божји Духови. 6 И пред престолот како стаклено море, слично на кристал; а меѓу престолот и околу, четири живи суштества, полни со очи и однапред и одназад. 7 Првото живо суштество личеше на лав; а второто живо суштество на јунец; третото живо суштество имаше лице како на човек; а четвртото живо суштество личеше на орел, што лета. 8 И секое од четирите живи суштества имаше по шест крила, полни со очи наоколу и одвнатре; и немаат починка ни дење ни ноќе, велејќи: „Свет, свет, свет е Господ Бог Сèмоќниот, Кој беше и Кој е и Кој иде.” 9 И кога живите суштества му воздаваат слава и чест и благодарност на Оној, Кој седи на престолот, Кој живее во вечни векови, 10 дваесет и четирите старешини паѓаат пред Оној, Кој седи на престолот, и Му се поклонуваат на Оној, Кој живее во вечни векови, и ги положуваат своите круни пред престолот, велејќи: 11 ”Достоен си, Господи и Боже наш, да ја примиш славата, и честа и силата, зашто Ти си создал сè, и заради Твојата волја суштествува сè и е создадено.”
1 И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книжен свиток, напишан одвнатре и однадвор, запечатен со седум печати. 2 И видов силен ангел како објавува со голем глас: „Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати?” 3 И никој ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, не можеше да го отвори книжниот свиток, ниту да погледне во него. 4 А јас плачев многу, зашто не се најде никој достоен да го отвори и да го прочита свитокот, ниту да погледне во него. 5 И еден од старешините ми рече: „Не плачи, ете, победи Лавот од Јудиното племе, Давидовиот корен, па може да го отвори свитокот и да ги одврзе неговите седум печати. 6 Видов, и ете, среде престолот и четирите живи суштества и среде старешините: Јагне, што стои како заклано, со седум рогови и седум очи; тоа се седумте Божји Духови, пратени по целата земја. 7 И дојде и го зеде книжниот свиток од десницата на Оној, Кој седи на престолот. 8 И кога го зеде свитокот, четирите живи суштества и дваесет и четирите старешини паднаа пред Јагнето, и секој имаше китара и златни чаши, полни со темјан, а тоа се молитвите на светите. 9 И пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да го земеш книжниот свиток и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и зашто со Својата крв ги откупи за Бога од секое племе и јазик и народ и народност, 10 и ги направи на нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваат на земјата. 11 И видов и чув глас на многу ангели околу престолот, и живите суштества, и старешините, и нивниот број беше бесконечно голем со илјади илјадници, 12 кои зборуваа со силен глас: „Достојно е Јагнето, Кое е заклано, да прими: сила и богатство, и премудрост и моќ, и чест и слава и благослов.” 13 И го чув секое создание, кое е на небото и на земјата, и под земјата и во морето, и сè што е во нив, да зборуваат: „На Оној, Кој седи на престолот, и на Јагнето, благослов и чест; и слава и власт, во сите векови!” 14 А четирите живи суштества рекоа: „Амин!” И дваесет и четирите старешини паднаа и се поклонија.
1 И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати и чув како едно од живите суштества да вика како со глас на грмотевица: „Дојди!” 2 И видов, и ете, бел коњ, а оној кој седеше на него имаше лак; и му беше дадена круна, и излезе победувајќи и да победи. 3 И кога го отвори вториот печат, чув друго живо суштество како зборува: „Дојди и види!” 4 И излезе друг, црвен коњ, а на оној, кој седеше на него, му беше дадено да го земе мирот од земјата, за да се убиваат луѓето меѓусебно; и му беше даден голем меч. 5 И кога го отвори третиот печат, го чув третото живо суштество како зборува: „Дојди и види!” И видов, и ете, црн коњ, а оној, кој седеше на него, имаше терезија во својата рака. 6 И чув како глас - меѓу четирите живи суштества да зборува: „Една мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј! А на маслото и виното не им нанесувај штета!” 7 И кога го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото живо суштество како зборува: „Дојди!” 8 И видов, и ете, сив коњ, а на оној, кој седеше на него името му беше смрт, и Подземјето идеше по него, и ним им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со дивите ѕверови на земјата. 9 И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го имаа. 10 И извикаа со силен глас, велејќи: „До кога, свет и вистински Господару нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние, кои живеат на земјата?” 11 И на секого од нив му беше дадена бела облека и им беше речено да починат уште малку време, додека не биде исполнет бројот на нивните сослужители и браќа, кои ќе бидат убиени како и тие. 12 И видов кога го отвори шестиот печат, и се збидна голем земјотрес; и сонцето поцрне како вреќа од кострет, а целата месечина стана како крв, 13 и небесните ѕвезди паднаа на земјата, како што смоквата ги стресува своите незрели плодови, кога ќе ја затресе силен ветер; 14 и небото се истрга како книга што се свиткува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места. 15 И земните цареви, и големците, и војсководците, и богатите, и силниците, и секој роб и секој слободник се сокрија во пештерите и по горските камењари, 16 велејќи им на горите и на карпите: „Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, 17 зашто дојде великиот Ден на Неговиот гнев, и кој може да се одржи?”
1 Потоа видов четири ангела како стојат на четирите агли на земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ниту на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво. 2 И видов друг ангел, кој се издигна од исток и кој имаше печат на живиот Бог, па почна да им вика со силен глас на четирите ангела, на кои им беше дадено да им напакостат на земјата и на морето, 3 велејќи: „Не пакостете и на земјата, ни на морето, ниту на дрвјата, додека не ги запечатиме челата на слугите на нашиот Бог!” 4 И го чув бројот на запечатените: сто четириесет и четири илјади запечатени од сите племиња на Израелевите синови: 5 од Јудиното племе дванаесет илјади запечатени, од Рувимовото племе дванаесет илјади, од Гадовото племе дванаесет илјади; 6 од Асировото племе дванаесет илјади, од Нефталимовото племе дванаесет илјади, од Манасиевото племе дванаесет илјади; 7 од Симеоновото племе дванаесет илјади, од Левиевото племе дванаесет илјади, од Исахаровото племе дванаесет илјади; 8 од Завулоновото племе дванаесет илјади, од Јосифовото племе дванаесет илјади, од Венијаминовото племе дванаесет илјади запечатени. 9 Потоа видов, и ете: големо множество народ - што никој не можеше да го изброи - од сите народности и племиња и народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце, 10 и воскликнуваа со голем глас: „Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!” 11 И сите ангели стоеја околу престолот, и старешините и четирите живи суштества, и паднаа на своите лица пред престолот и Му се поклонија на Бога, 12 велејќи: „Амин! Благослов и слава; и премудрост и благодарност; и чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!” 13 И еден од старешините одговори, велејќи ми: „Кои се и од каде дојдоа овие, кои се облечени во бели облеки?” 14 А јас му реков : „Господине мој, ти знаеш!” И ми рече: „Тоа се оние, кои доаѓаат од голема неволја, кои ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.” 15 Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној, Кој седи на престолот, ќе го оптегне Својот Шатор над нив. 16 Нема веќе да огладнат ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту некаква жега; 17 зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори жива вода; и Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.
1 И кога го отвори седмиот печат, настана тишина на небото, околу половина час. 2 И ги видов седумте ангели, кои стоеја пред Бога. И им беа дадени седум труби. 3 И дојде друг ангел, со златна кадилница, и застана при жртвеникот; и му беше даден многу темјан, за да го додаде со молитвите на сите свети, врз златниот жртвеник пред престолот. 4 И се издигна пред Бога, од ангеловата рака, темјановиот дим со молитвите на светите. 5 И ангелот ја зеде кадилницата, ја наполни со оган од жртвеникот и ја фрли на земјата; и настанаа громови и гласови и молњи и земјотрес. 6 А седумте ангели, кои имаа седум труби, се подготвија да затрубат. 7 И првиот затруби, и настана град и оган, помешани со крв, и тоа беше фрлено на земјата; и изгоре третина од земјата; и изгоре третина од дрвјата; и изгоре сета зелена трева. 8 И вториот ангел затруби: и како голема гора, пламната со оган, беше фрлена во морето: и третината од морето стана крв, 9 и изумре третина од живите суштества во морето и пропадна една третина од бродовите. 10 И третиот ангел затруби: од небото падна голема ѕвезда, која гореше како светило и падна врз третината од реките и на водните извори. 11 А името на ѕвездата е Пелин. И третината од водите стана пелин и многу луѓе изумреа од водите, бидејќи беа загорчени. 12 И четвртиот ангел затруби: и беше удрена третината од сонцето и третината од месечината и третината од ѕвездите, за да потемнее третиот дел од нив, и третиот дел од денот да не свети, а исто така и од ноќта. 13 И видов и чув еден орел како лета посреде небото, велејќи со силен глас: „Тешко, тешко, тешко им на оние, кои живеат на земјата, заради другите трубни гласови на тројцата ангели, кои ќе затрубат.”
1 И петтиот ангел затруби: и видов ѕвезда, што падна од небото на земјата, и и беше даден клучот од кладенецот на Бездната. 2 И го отвори кладенецот на Бездната, и од кладенецот се издигна дим, како дим од голема печка, а сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот. 3 И од димот излегоа скакулци по земјата, па им беше дадена сила, каква имаат земните скорпии. 4 И им беше речено: да не ја повредуваат земната трева, ниту некакво зеленило, ниту некакво дрво, туку само оние луѓе, кои немаат Божји печат на своите чела. 5 И им беше дадено да не ги убиваат, туку да ги мачат пет месеци; и нивното мачење беше како измачување од скорпија, кога каснува човек. 6 А во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив. 7 А скакулците по својот облик - личеа на коњи, приготвени за војна: а на нивните глави беа круни слични на злато, а лицата им беа како човечки лица. 8 И имаа коси како женска коса, а забите им беа како на лавови; 9 имаа оклопи како железни оклопи, а шумот на нивните крила беше како татнеж на воени коли со многу коњи, кои итаа во бој. 10 И имаа опашки и осила како кај скорпиите; а во нивните опашки беше нивната сила да им пакостат на луѓето пет месеци. 11 Над себе го имаа за цар ангелот на Бездната, кому името на еврејски јазик е Авадон (Погубител), а на грчки се вика Аполион. 12 Едно зло помина, и еве, доаѓаат уште две зла по него. 13 И шестиот ангел затруби: и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник пред Бога, 14 како му зборува на шестиот ангел, кој имаше труба: „Одврзи ги четирите ангела, кои се врзани при големата река Еуфрат!” 15 И беа одврзани четирите ангела, приготвени за час, за ден, за месец и за година, да убијат третина од луѓето. 16 А бројот на војувачките коњаници беше двеста милиони - го чув нивниот број. 17 И во привидот вака ги видов коњите и оние, кои седеа на нив: имаа огнени оклопи, и синкасти и сулфурни; а главите на коњите личеа на глави на лавови, и од нивните усти излегуваа оган и дим и сулфур. 18 Од овие три зла - од огнот, од димот и од сулфурот, што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето. 19 Зашто силата на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки: имено, нивните опашки се слични на змиите, имаат глави и пакостат со нив. 20 А другите луѓе, кои не загинаа од овие зла, не се покајаа за делата на своите раце, да не им се поклонуваат на бесовите и на златните, сребрените, бронзените, камените и дрвените идоли, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат. 21 И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите вражања, ниту за своите блудства, ниту за своите кражби.
1 И видов друг силен ангел како слегува од небото, облечен со облак, и имаше божилак на неговата глава; а неговото лице беше како сонце, а неговите нозе како огнени столбови, 2 и во својата рака држеше мал книжен свиток, кој беше отворен. И ја постави својата десна нога на морето, а левата на земјата, 3 и извика со силен глас, како лав што рика. А кога извика, седум громови проговорија со своите гласови. 4 А кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам; тогаш чув глас од небото, што зборуваше: „Запечати го тоа, што го рекоа седумте громови, и не пишувај го!” 5 И ангелот, кого го видов да стои на морето и на земјата, ја крена својата десница кон небото 6 и се заколна во Оној, Кој живее во вечни векови; Кој го создаде небото и што е во него, и земјата и што е на неа, и морето и што е во него: дека не ќе има веќе време; 7 туку во деновите на гласот на седмиот ангел, кога ќе затруби, ќе се исполни Божјата тајна, како што им проповедуваше на своите слуги - пророците. 8 И гласот, што го чув од небото, пак проговори со мене и рече: „Оди, земи го малиот книжен свиток што е отворен, во раката на ангелот, кој стои на морето и на земјата!” 9 И отидов при ангелот и му реков да ми го даде малиот свиток. И ми рече: „Земи го и изеди го! И ќе ти ја направи утробата горчлива; но во твојата уста ќе биде благ како мед.” 10 И го зедов малиот свиток од раката на ангелот и го изедов; и во мојата уста беше сладок како мед, но кога го изедов, мојата утроба стана горчлива.” 11 И ми беше речено: „Треба повторно да пророкуваш за многу народи, народности, јазици и цареви.”
1 И ми беше дадена мерачка трска слична на стап, и ми беше речено: „Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние, кои се поклонуваат во него. 2 А надворешниот двор на храмот остави го и не мери го, зашто им е даден на народите, и тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца. 3 И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двеста и шеесет денови. 4 Тие се две маслинови дрвја и два светилника, кои стојат пред Господарот на земјата. 5 И ако некој сака да им напакости, оган излегува од нивната уста и ги проголтува нивните непријатели. И ако некој сака да им напакости, треба така да биде убиен. 6 Тие имаат власт да го затворат небото, за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и имаат власт над водите, да ги претворат во крв и да ја поразат земјата со секаква неволја, колкупати и да посакаат.” 7 ”И кога ќе го завршат своето сведоштво, Ѕверот, кој излегува од Бездната, ќе војува против нив, и ќе ги победи, и ќе ги убие. 8 И нивните трупови ќе лежат на улицата на големиот град, кој духовно се наречува Содом и Египет, каде и нивниот Господ беше распнат. 9 И луѓето од народите и племињата и јазиците и народностите ќе ги гледаат нивните трупови три ипол дена, и не ќе дозволат нивните трупови да бидат положени во гроб. 10 И жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат за нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие два пророка ги измачуваа жителите на земјата. 11 И по три ипол дена, влезе во нив животворен дух од Бога, и застанаа на свои нозе, а голем страв ги обзеде оние, кои ги гледаа. 12 И чуја силен глас од небото, кој им велеше: „Дојдете ваму, горе!” И отидоа горе во небо во облакот, и нивните непријатели ги видоа. 13 А во тој час настана голем земјотрес, и падна десеттиот дел на градот, и од земјотресот загинаа седум илјади човечки имиња; а другите се уплашија и Му воздадоа слава на небесниот Бог. 14 Второто зло помина, и ете, третото зло доаѓа брзо. 15 И седмиот ангел затруби, и одекнаа силни гласови на небото, велејќи: „Царствата на светот Му припаднаа на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и ќе царува во сите векови.” 16 И дваесет и четирите старешини, кои седат, на своите престоли, пред Бога, паднаа на своите лица и Му се поклонија на Бога, 17 велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Сèмоќен, Кој си и Кој беше, и Кој иде, зашто ја зеде Својата голема сила и се зацари. 18 И народите се разгневија, и дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите, и да им се даде награда на Твоите слуги, на пророците и на светите и на оние, кои се бојат од Твоето име, мали и големи, и да ги уништиш оние, кои ја расипуваа земјата.” 19 И се отвори Божјиот храм во небото и се покажа ковчегот на Неговиот завет во Неговиот храм, и настанаа молњи и грмежи и гласови и земјотрес и голем град.
1 И се покажа голем знак во небото: жена, облечена со сонцето и месечината под нејзините нозе, а на нејзината глава круна од дванаесет ѕвезди, 2 и беше бремена и викаше од породилни болки и маки. 3 И се покажа друг знак на небото, и ете, голем црвен змев, со седум глави и десет рогови, а на неговите глави седум круни; 4 и неговата опашка повлече третина од небесните ѕвезди, и ги фрли на земјата. И змевот стоеше пред жената, која требаше да роди, за да и го проголта Детето кога ќе роди. 5 И роди машко Дете, син, кој ќе им биде на сите народи Пастир со железно жезло. И нејзиното Дете беше однесено при Бога и при Неговиот престол. 6 А жената избега во пустината, каде имаше место, што Бог и го приготви, за да ја хранат таму илјада и двеста и шеесет денови. 7 И настана војна во небото; Михаило со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, 8 но не устоија и не им се најде веќе место во небото. 9 И беше исфрлен големиот змев, старата змија, наречена ѓавол и сатана, која го заведува целиот свет; беше исфрлен на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него. 10 И чув силен глас во небото како зборува: „Сега дојде спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, зашто е отфрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинуваше пред нашиот Бог, дење и ноќе. 11 И тие го победија заради крвта на Јагнето и заради словото на своето сведоштво, и не го засакаа својот живот, дури и до смртта. 12 Затоа, веселете се небеса и вие, кои живеете во нив. Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слезе при вас со голем гнев, знаејќи дека има малку време,” 13 И кога змевот виде дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената, која го родила машкото. 14 На жената пак и ги дадоа двете крила на големиот орел, за да одлета во пустината на своето место, каде е хранета за едно време, и две времиња, и време ипол, настрана од лицето на змијата. 15 А змијата испушти од својата уста вода како река по жената, за да ја однесе со реката. 16 Но земјата и помогна на жената, и земјата ја отвори својата уста и ја испи реката, што змевот ја испушти од својата уста. 17 И змевот се разгневи на жената и отиде да војува против другите од нејзиното семе, против оние, кои ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво.
1 А јас застанав на песокта од морскиот брег. И видов Ѕвер, како излегува од морето, кој имаше десет рогови и седум глави, а на неговите рогови десет круни и на неговите глави богохулни имиња. 2 И Ѕверот, што го видов, беше како леопард, и нозете му беа како на мечка, а устата како на лав. И змевот му ја даде својата сила, и својот престол, и голема власт 3 И видов една од неговите глави, како да е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета земја и тргна по Ѕверот, 4 и му се поклонија на змевот, што му даде власт на Ѕверот, му се поклонија и на Ѕверот, велејќи: „Кој му е еднаков на Ѕверот, и кој може да војува против него?” 5 И му се даде уста, која зборува големи зборови и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеца. 6 И ја отвори својата уста да хули против Бога, да го похули Неговото име, и Неговиот Шатор, и оние, кои живеат во небото. 7 И му се даде да завојува против светите и да ги победи, и му се даде власт над секое племе и народ и јазик и народност. 8 И ќе му се поклонат сите, кои живеат на земјата, чии имња не се запишани во Книгата на Животот на Јагнето, заклано од создавањето на светот. 9 Кој има уво, нека чуе. 10 Кој води во ропство, и самиот ќе биде одведен во ропство; кој убива со меч, и самиот треба да загине од меч. Тука е трпението и верата на светите. 11 И видов друг ѕвер, како излегува од земјата, и имаше два рога, како кај јагне, а зборуваше како змев. 12 И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена. 13 И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. 14 Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави пред Ѕверот, велејќи им на жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. 15 И му беше дадено да вдахне дух во ликот на Ѕверот така што ликот на Ѕверот да прозборува, и да направи да бидат убиени оние, кои нема да се поклонат на ликот на Ѕверот. 16 И направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - да им се даде ознака на десната рака или на челото, 17 и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој има ознака: името на Ѕверот или бројот на неговото име. 18 Тука е мудроста. Кој има ум нека го пресмета бројот на Ѕверот, зашто е број на човек. а неговиот број е: шестотини шеесет и шест.
1 И видов, и ете, Јагнето стои на Сионската гора, а со него сто и четириесет и четири илјади, кои го имаа напишано, на своите чела, Неговото име и името на Неговиот Татко. 2 И чув глас од небото, како шум на многу води и како грмеж од силен гром; а гласот, што го чув, беше како од китаристи, кои свират на своите китари. 3 И пееја нова песна пред престолот и пред четирите живи суштества и пред старешините, и никој не можеше да ја научи песната, освен оние сто и четириесет и четири илјади, кои беа откупени од земјата. 4 Тоа се оние, кои не се осквернија со жени; имено, тоа се девственици. Тие одат по Јагнето, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, како првенци на Бога и на Јагнето, 5 и лага не се најде во нивната уста; тие се непорочни. 6 И видов друг ангел како лета посреде небото, имајќи вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата: и на секоја народност и на секое племе и јазик и народ, 7 и зборуваше со силен глас: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори. 8 И друг, втор, ангел дојде по него, велејќи: „Падна, падна големиот Вавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на своето блудство.” 9 И друг, трет, ангел дојде по него, велејќи со силен глас: „Ако некој му се поклони на Ѕверот, и на неговиот лик, и прими ознака на своето чело или на својата рака, 10 и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е налеано чисто во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур, пред светите ангели и пред Јагнето. 11 И димот од нивното измачување ќе се издига во вечни векови, и не ќе имаат починка, ни дење ни ноќе, оние кои му се поклонуваат на Ѕверот и на неговиот лик, и кој ја прима ознаката на неговото име.” 12 Тука е трпението на светите, кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса. 13 И чув глас од небото, што ми велеше: „Напиши: Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа. ‘Да, вели Духот, нека починат од своите трудови, зашто нивните дела одат по нив.’ 14 И видов, и ете, бел облак, а на облакот седеше Еден сличен на Човечкиот Син, со златна круна на главата и со остар срп во раката. 15 И еден друг ангел излезе од храмот и му извика со силен глас на Оној, Кој седеше на облакот: „Испрати го својот срп и жниј, зашто дојде твојот час за жниење, зашто е зрела жетвата на земјата. „ 16 И оној, кој седеше на облакот, го фрли својот срп на земјата, и земјата беше пожнеана. 17 И друг ангел излезе од храмот, што е во небото, и тој имаше остар срп. 18 И друг ангел, кој имаше власт над огнот дојде од жртвеникот, и му извика со силен глас на оној, кој имаше остар срп: ‘Испрати го својот остар срп, и обери го грозјето од земното лозје, зашто неговото грозје е веќе зрело.’ 19 И ангелот го фрли својот срп на земјата, и го обра земното лозје и го стави во големата каца на Божјиот гнев. 20 И кацата беше изгазена надвор од градот, и од кацата потече крв до уздите на коњите, на растојание од илјада и шестотини стадии.
1 И видов друг - голем и чудесен знак, на небото: седум ангели, кои ги држеа седумте последни зла, зашто со нив завршува Божјиот гнев. 2 И видов нешто како стаклено море, измешано со оган, и оние кои го победија Ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име, - стоеја на стакленото море и имаа Божји китари, 3 и ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи се и прекрасни Твоите дела Господи Боже, Сèдржителу! Праведни и вистински се Твоите патишта - Цару на народите. 4 Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет; сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, зашто се покажаа Твоите праведни судови!” 5 И потоа видов на небото се отвори храмот на Шаторот на сведоштвото, 6 а од храмот излегоа седум ангели, кои имаа седум зла, облечени во чисти и светли ленени облеки и опашани со златни појаси преку градите. 7 И едно од четирите живи суштества им даде на седумте ангели седум златни чаши полни со гнев на Бога, Кој живее во сите векови. 8 И храмот се наполни со дим од славата на Бога и од Неговата сила, и никој не можеше да влезе во храмот, додека не свршија седумте зла на седумте ангели.
1 И чув силен глас од храмот, како им зборува на седумте ангели: „Одете и излејте ги седумте чаши на Божјиот гнев на земјата!” 2 И првиот отиде и ја излеа својата чаша на земјата: и се појави лоша и лута рана на луѓето, кои ја имаа ознаката на Ѕверот и кои му се поклонуваа на неговиот лик. 3 И вториот ја излеа својата чаша во морето: и стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето. 4 И третиот ја излеа својата чаша во реките и во водните извори: и тие станаа крв. 5 И го чув ангелот на водите како вели: „Праведен си, Господи, Кој си, и Кој си бил, зашто пресуди така; 6 зашто тие ја пролеаја крвта на светите и на пророците, и крв им даде да пијат, тоа го заслужуваат!” 7 И чув друг ангел од жртвеникот да зборува: „Да, Господи Боже, Сèмоќен, Твоите судови се вистински и праведни!” 8 И четвртиот ја излеа својата чаша на сонцето: и му беше дадено да ги пали луѓето со оган. 9 И луѓето, горејќи од големата жега го похулија името на Бога, Кој има власт над овие зла, и не се покајаа да Му воздадат слава. 10 И петтиот ја излеа својата чаша врз престолот на Ѕверот и царството му се помрачи и ги гризеа своите јазици од мака. 11 И Го похулија небесниот Бог, заради своите маки и рани, и не се покајаа од своите дела. 12 И шестиот ја излеа својата чаша врз големата река Еуфрат: и пресуши неговата вода, за да им се приготви патот на царевите од исток на сонцето. 13 И видов како од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегуваат три нечисти духа како жаби; 14 имено, тоа се демонски духови, кои прават чуда и одат при царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во великиот ден на Бога Сèмоќниот. 15 И ете, идам како крадец; блажен е оној, кој бдее и ги пази своите облеки, за да не оди гол и да не се гледа неговиот срам. 16 И ги собра на местото на еврејски наречено Армагедон” (Рид на Мегидо). 17 И седмиот ја излеа својата чаша во воздухот: и од храмот излезе силен глас, од престолот, велејќи: „Се заврши!” 18 И настанаа молњи и гласови и громови, и настана голем земјотрес, каков никогаш не бил, откако се луѓето на земјата; таков земјотрес, толку силен. 19 И големиот град се раздели на три дела, и градовите на народите паднаа. И големиот Вавилон се спомна пред Бога, за да му се даде чашата со виното на Неговиот јаростен гнев. 20 И сите острови побегнаа, и горите веќе не се наоѓаа. 21 И голем град - тежок колку еден талант, падна од небото на луѓето, а луѓето Го похулија Бога, заради ова зло од градот, зашто неговото зло беше многу големо.
1 И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте чаши, проговори со мене и рече: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која седи на многу води, 2 со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се напија од виното на нејзиното блудствување.” 3 И ме одведе, во духот, во пустината: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови. 4 А жената беше облечена во пурпурно и во црвено, и украсена со злато и со скапоцени камења и со бисери, држејќи во својата рака златна чаша, полна со гнасотија и нечистота од нејзиното блудство, 5 на челото пак и беше напишано име - тајна: големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии. 6 И ја видов жената како се опива со крвта на светите и со крвта на Исусовите сведоци. И се зачудив многу кога ја видов. 7 И ангелот ми рече: „Зошто се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на женава и на ѕверот, кој ја носи и има седум глави и десет рогови. 8 Ѕверот, што го виде, беше и го нема, и ќе излезе од Бездната за да отиде во пропаст. И ќе се зачудат земните жители чие име не е запишано, од создавањето на светот, во Книгата на Животот, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако тој е. 9 Тука е умот, што има мудрост! Седумте глави - тоа се седумте гори, врз кои седи жената. 10 Тоа се и седум цареви, од кои петмина паднаа, едниот е, а другиот уште не дошол, а кога ќе дојде, треба да остане малку. 11 Ѕверот, пак кој беше и кого го нема, е осми, и е од седумте, па оди во пропаст. 12 И десетте рогови, што ги виде, тоа се десет цареви, кои уште не зацаруваа, но ќе ја примат царската власт со ѕверот за еден час. 13 Овие се истомисленици, па ќе му ја предадат својата сила и власт на ѕверот. 14 Овие ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, зашто Тој е Господар над господарите и Цар над царевите, а со Него се повиканите, избраните и верните. 15 И ми рече: „Водите што ги виде, каде што седи блудницата, тоа се луѓето и множествата, народите и јазиците. 16 И десетте рогови, што ги виде, и ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја направат пуста и гола, и ќе и го изедат месото, и ќе ја изгорат со оган, 17 зашто Бог им даде во нивните срца да ја исполнат Неговата замисла, да дејствуваат едномислено и да му го дадат своето царство на Ѕверот, додека не се исполни Божјото слово. 18 А жената, која ја виде, е големиот град, кој царува над земните цареви.”
1 Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава. 2 И извика со силен глас, велејќи: „Падна, падна големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови, и засолниште на сите нечисти и гадни птици, 3 зашто сите народи пиеја од виното на нејзиното распалено блудство, и земните цареви блудствуваа со неа, и земните трговци се збогатија од нејзината претерана раскош!” 4 И чув друг глас од небото да вели: „Излезете од неа, народе Мој, за да не бидете соучесници во нејзините гревови и да не ги примите нејзините зла; 5 зашто нејзините гревови стигнаа до небото и Бог си спомна за нејзините неправди. 6 Платете и како што и таа ви плаќаше вам; и вратете и двојно, според нејзините дела; во чашата, во која таа налеваше, налејте и двојно! 7 Колку што се прослави себеси и живееше раскошно, дајте и толку маки и тага, зашто вели во своето срце: „седам како царица и не сум вдовица и нема да видам тага.” 8 Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините зла: помор, тага и глад, и ќе биде изгорена со оган; зашто е силен Господ Бог, Кој ја суди.” 9 ”И ќе заплачат и ќе заридаат по неа земните цареви, кои блудствуваа со неа и уживаа во нејзиниот раскош, кога ќе го видат димот од нејзиното горење. 10 Стоејќи далеку, заради стравот од нејзините маки, ќе зборуваат: „Леле, леле, голем граде Вавилоне, силен граде, зашто во еден час дојде твојата пресуда!” 11 ”И земните трговци ќе плачат и ќе ридаат по неа, зашто никој веќе не ги купува нивните стоки, 12 стоки од: злато и сребро, скапоцени камења и бисери, од лен и од порфир, од свила, од црвена ткаенина и од секакво мирисливо дрво; и секакви предмети од слонова коска, и секакви предмети од најскапоцено дрво, и од бронза и од железо и мермер; 13 цимет и балзам, и мириси и масти, и темјан и вино, и масло и бело брашно и пченица, и говеда и овци, и коњи и коли, и тела и човечки души. 14 И овошките, по кои копнееше твојата душа, си отидоа од тебе, и секое изобилство и секој сјај ти пропадна, и нема веќе да го најдеш.” 15 ”Трговците на тие нешта, кои се збогатија, ќе стојат далеку, заради страв од нејзините маки, ќе плачат и ќе ридаат, 16 велејќи: „Леле Леле! голем граде, облечен во лен и во порфир и во црвена ткаенина; украсен со злато и со скапоцени камења и со бисери, 17 зашто во еден миг пропадна толкаво богатство! „И секој кормилар и секој морепловец и морнар и сите, кои работат на море застанаа далеку 18 и викаа, гледајќи го димот на неговото горење, велејќи: „Кој беше како овој голем град?” 19 И ги посипаа своите глави со прав, и викаа со плач и тага, велејќи: „Леле! Леле, голем граде! во кого се збогатија сите, кои имаат кораби по морето, од неговите скапоцености, зашто запусте во еден час! 20 Веселете се над неа, небо и вие свети, и вие апостоли, и вие пророци, зашто Бог го изврши вашиот суд над неа. 21 И еден силен ангел подигна камен, голем како воденички камен и го фрли во морето, велејќи: „Со вакво замавнување ќе биде фрлен големиот град Вавилон, и нема веќе да се најде!” 22 И глас на китаристи и свирачи и флејтисти и трубачи, нема веќе да се чуе во тебе; и никаков уметник од ниедна уметност нема веќе да се најде во тебе; и шум од воденица нема веќе да се чуе во тебе; 23 и светлината на светилото нема веќе да свети во тебе; и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе; зашто твоите трговци беа големци на земјата; зашто со твоите вражања беа измамени сите народи, 24 и во неа се најде крвта на пророците и на светите и на сите, кои беа заклани на земјата.
1 Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог, 2 зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.” 3 И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!” 4 И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!” 5 А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.” 6 И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сèмоќниот! 7 Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви, 8 и беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите. 9 И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.” Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!” 10 И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.” 11 И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно. 12 Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него. 13 И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово. 14 А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа. 15 И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сèмоќниот. 16 А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.” 17 И видов еден ангел како стои на сонцето и извика со силен глас, зборувајќи им на сите птици, што летаат среде небото: „Дојдете и соберете се на големата Божја гозба, 18 да јадете месо од цареви и месо од војводи и месо од силни; и месо од коњи и од оние, кои седат на нив и месо од сите слободни и робови, и мали и големи.” 19 И го видов Ѕверот и земните цареви и нивните војски - собрани, за да војуваат против Оној, Кој седи на коњот и против Неговата војска. 20 И Ѕверот беше фатен, заедно со лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, со кои ги заведе оние, кои ја примија ознаката на Ѕверот и кои се клањаа на неговиот лик; и обајцата беа фрлени живи во огненото езеро, што гори со сулфур. 21 Другите пак беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот, и сите птици се наситија со нивното месо.
1 И видов ангел, како слегува од небото, кој имаше во својата рака: клуч од Бездната и голема верига. 2 Тој го фати змевот, старата змија која е ѓаволот и сатаната, и го врза за илјада години, 3 и го фрли во Бездната и го заклучи, ја запечати над него, за да не ги заведува народите, додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за малку време. 4 И видов престоли; и на оние, кои седеа на нив, им беше дадено да судат; и душите, чии глави беа исечени заради сведоштвото за Исуса и за Божјото слово, кои не му се поклонија на Ѕверот ни на неговиот лик, и кои не ја примија ознаката на своето чело и на својата рака; тие оживеаја и царуваа со Христа илјада години. 5 А другите мртовци не оживеаја, додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение. 6 Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над овие втората смрт нема власт, туку ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Него илјада години. 7 А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, 8 и ќе излезе да ги заведува народите по четирите краишта на земјата, Гога и Магога, и да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок. 9 И излегоа на земната ширина, и го опкружија логорот на светите и возљубениот град; и слезе оган од небото, од Бога, и ги проголта. 10 А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро, каде се и Ѕверот и лажниот пророк; и ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков. 11 И видов голем бел престол, и Оној, Кој седеше на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. 12 И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книжните свитоци; и друг книжен свиток се отвори - Книгата на Животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела. 13 И морето ги предаде своите мртви, кои се во него; и смртта и Подземјето ги предадоа мртвите, кои се во нив, и секој беше суден според своите дела. 14 И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. 15 И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро.
1 И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа и море немаше веќе. 2 Тогаш јас, Јован, го видов Светиот Град - Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога, стокмен како невеста, која е украсена за својот маж. 3 И чув силен глас од небото, велејќи: „Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив, 4 и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина. 5 И Оној, Кој седи на престолот рече: „Ете, правам сè ново.” Уште рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити!” 6 И ми рече: „Се заврши! Јас Сум Алфа и Омега; Почеток и Свршеток. Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот. 7 Кој победува го наследува ова, и Јас ќе му бидам Бог, и тој ќе ми биде син. 8 А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на вражалците, и на идолопоклониците и на сите лажци, нивниот дел им е во езерото, кое гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт. 9 И дојде еден од седумте ангели, кои имаа седум чаши, полни со последните седум зла, и проговори со мене и рече: „Дојди, да ти ја покажам невестата - жената на Јагнето!” 10 И ме одведе духом на голема и висока гора и ми го покажа светиот град Ерусалим, како слегува од небото од Бога 11 и имаше Божја слава, и нејзината светлина беше слична на многу скапоцен камен, на кристално проѕирниот камен јаспис. 12 Имаше голем и висок ѕид со дванаесет порти, а на портите дванаесет ангели и напишани имиња, а тоа се имињата на дванаесетте племиња на Израелевите синови. 13 Од исток три порти, и од север три порти, и од југ три порти, и од запад три порти. 14 А градскиот ѕид имаше дванаесет основи и на нив дванаесет имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето. 15 А оној, кој зборуваше со мене имаше златна трска, за да го измери градот и нејзините врати и нејзиниот ѕид. 16 Градот пак лежи четриаголно, а должината му е колку и широчината. И го измери градот со трската: дванаесет илјади стадии; нејзиниот должина и широчина и височина беа еднакви. 17 И го измери неговиот ѕид: сто четириесет и четири лакти по човечка мерка, која е и ангелска. 18 Нејзиниот ѕид беше изграден од јаспис, а градот од чисто злато, како чисто стакло. 19 Основите на градскиот ѕид беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првата основа е од јаспис, втората - сафир, третата - халкидон, четвртата - смарагд; 20 петтата - сардоникс, шестата - сард, седмата - хрисолит, осмата - вирил, деветтата - топаз, десеттата - хрисопрас, единаесеттата - хијацинт; дванаесеттата - аметист. 21 А дванаесетте порти: дванаесет бисери; секоја врата беше од еден бисер. И градската улица беше од чисто злато како проѕирно стакло. 22 А храм не видов во него; зашто негов храм е Господ Бог - Сèмоќниот, и Јагнето. 23 И на градот не му е потребно сонцето, ниту месечината, за да му светат, зашто Божјата слава го осветлува, а Јагнето му е светилник. 24 И народите на оние кои се спасени ќе одат во неговата светлина, и земните цареви ќе ја донесат својата слава во него. 25 И нејзините порти нема да се затвораат дење, зашто не ќе има ноќ таму. 26 И славата и честа на народите ќе бидат донесени во него. 27 И во него нема да влезе ништо нечисто, ни оној, кој прави нешто гнасно и лажно, туку само оние, кои се запишани во Јагнетовата книга на животот.
1 И ми покажа чиста река со вода на животот, бистра како кристал, која истекува од престолот на Бога и на Јагнето. 2 Среде нејзината улица и од двете страни на реката: дрвото на животот, кое раѓа дванаесет плодови, кое секој месец го дава својот плод; а лисјата на дрвото се за исцелување на народите. 3 И нема веќе да има никакво проклетство. И престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во неа, и Неговите слуги ќе Му служат, 4 и ќе го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела. 5 Ноќ нема да има веќе и не ќе им биде потребна светлина од светилка, ни светлина од сонцето, зашто Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе владеат во веки веков. 6 И ми рече: „Зборовиве се верни и вистинити, и Господ Бог на пророчките духови го испрати Својот ангел, за да им покаже на Своите слуги што има да стане скоро. 7 И, ете, доаѓам скоро. Блажен е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга! 8 И јас, Јован, сум тој кој го чу и го виде ова, и кога чув и видов, паднав да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова. 9 И ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој, и на твоите браќа, и на пророците, и на сите оние, кои ги пазат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога!” 10 И ми рече: “Не запечатувај ги пророчките зборови на книгава, зашто времето е близу! 11 Кој врши неправда, нека врши уште неправда; и кој е нечист, нека се онечистува уште; и кој е праведен нека врши уште правда; и кој е свет, нека се осветува уште!” 12 И ете, доаѓам скоро, и наградата Моја е со Мене, за да му дадам секому според неговото дело! 13 Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Свршетокот. 14 Блажени се оние, кои ги перат своите облеки, за да имаат право на дрвото на животот и за да можат да влезат во градот низ портите! 15 Надвор се кучињата и вражалците, и блудниците и убијците, и идолопоклониците и секој, кој ја сака лагата и лаже.” 16 ”Јас, Исус, го испратив Својот ангел, да ви го посведочи ова на црквите. Јас Сум корен и род Давидов; сјајната ѕвезда Деница!” 17 Духот и невестата велат: „Дојди!” И кој слуша нека рече: „Дојди!” И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот! 18 Јас му сведочам секому, кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој им додаде нешто, Бог ќе му додаде од злата опишани во оваа книга. 19 А ако некој одземе нешто од зборовите на книгата на оваа пророштво, Бог ќе му го одземе неговиот дел од дрвото на животот и од светиот град, кои се опишани во оваа книга. 20 Оној, Кој го сведочи ова, говори: „Да, доаѓам скоро!” - Амин! Да дојди! Господи Исусе! 21 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос со сите вас. Амин!